© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2014. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската пракса на Судот бр. 167
Октомври 2013
Гуцанови (Gutsanovi) против Бугарија - 34529/10
Пресуда 15.10.2013 [Оддел IV]
Член 3
Понижувачко постапување
Претераниот карактер на полициската операција за апсење политичар во неговиот дом во присуство на неговата сопруга и малолетните деца: повреда
Член 5
Член 5-3
Што побрзо изведување пред судија или друго службено лице
Времетраењето на притворот (3 дена 5 часа и 30 минути): повреда
Факти - Жалителите се г-дин Гуцанов, добро познат локален политичар, неговата сопруга и нивните две малолетни ќерки. Властите го сомничеле г-дин Гуцанов за вмешаност во корупција и наредиле негово апсење и претрес на неговиот дом. На 31 март 2010 година во 6 часот и 30 минути, специјален тим составен од неколкумина маскирани и вооружени полицајци дошле во куќата на жалителот. Кога г-дин Гуцанов не одговорил на наредбата да ја отвори вратата, полицајците насила ја отвориле влезната врата на куќата и влегле внатре. Сопругата на г-дин Гуцанов и нивните две малолетни деца биле разбудени од упадот на полицијата. Првиот жалител бил однесен во засебна просторија. Куќата била претресена и голем број на елементи биле однесени како доказ по операцијата. Кога г-дин Гуцанов го напуштилл својот дом под полициска придружба околу 13 часот, новинари и телевизиски екипи веќе биле насобрани надвор. Била одржана прес конференција. Следниот ден регионален дневен весник ги објавил коментарите дадени од јавниот обвинител, заедно со извадоци од интервју со министерот за внатрешни работи во врска со случајот. На истиот ден обвинителот покренал обвинение против г-дин Гуцанов за неколку кривични дела меѓу кои вмешаност, во својство на државен службеник, во криминална група чии активности вклучувале склучување на тендери кои биле штетни за општината, и злоупотреба на службената должност од страна на државен службеник. Обвинителот наредил притвор за првиот жалител со времетраење од седумдесет и два часа, со цел да се обезбеди неговото појавување пред суд. На 3 април 2010 година г-дин Гуцанов бил изведен пред судија и, по сослушувањето, бил однесен во притвор во очекување на судењето. На 25 мај 2010 година Апелациониот суд донел забрана за напуштање на живеалиштето. На 26 јули 2010 година, првостепениот суд го ослободил со кауција. Во април 2013 година, кривичната постапка против него била сеуште во прелиминарната истражна фаза.
Правото - Член 3: Целта на полициската операција била апсење, претрес и заплена на предмети, и го застапувала јавниот интерес на гонење на кривични дела. Иако четирите члена на семејството не претрпеле никакви физички повреди во текот на полициската операција, таа сепак вклучувала степен на физичка сила. Влезната врата на куќата била насила отворенa од страна на тим специјалци и г-дин Гуцанов бил имобилизиран од маскирани вооружени полицајци, одведен долу со сила и врзан со лисици. Г-дин Гуцанов бил добро познат политичар и бил претседател на варненскиот градски совет. Немало докази кои укажувале дека тој имал претходна историја на насилство и дека можеби претставувал опасност за полициските службеници. Присуство на оружје во домот на жалителите не можело само по себе да го оправда распоредување на единицата за специјални интервенции или видот на сила која била употребена. Можното присуство на членовите на семејството на местото на апсењето бил фактор кој требало да биде земен во предвид во планирањето и спроведувањето на овој вид операција. Отсуството на претходна судска контрола на потребата од и законитоста на претресот го препуштило планирањето на операцијата во целосна надлежност на полицијата и истражните кривични органи и не овозможило правата и легитимните интереси на г-ѓа Гуцанова и на нејзините две малолетни ќерки да бидат земени во предвид. Полициските служби не ја разгледале можноста за алтернативни средства за спроведување на операцијата во домот на жалителите, како што е организирање на операцијата малку подоцна или дури и користење на различен вид на полицајци во операцијата. Земањето во предвид на легитимните интереси на г-ѓа Гуцанова и на нејзините ќерки било особено потребно бидејќи таа не била под сомневање за вмешаност во кривичните дела за кои нејзиниот сопруг бил осомничен, а нејзините две ќерки биле психички ранливи заради нивната млада возраст (пет и седум години). Г-ѓа Гуцанова и нејзините ќерки биле многу сериозно погодени од настаните.
Тоа што полициската операција се одржала во раните утрински часови и вклучувала маскирани специјалци, кои биле видени од г-ѓа Гуцанова и нејзините две ќерки, влијаел да се зголеми чувството на страв и вознемиреност искусени од страна на овие три жалителки, до таму што постапувањето на кое тие биле подложени го надминало прагот на тежина потребен за членот 3 од Конвенцијата да се применува. Тие оттука биле подложени на понижувачко постапување. Полициската операција била планирана и извршена без да се земат предвид голем број на фактори како што се природата на кривичните дела за кои г-дин Гуцанов бил осомничен, фактот дека тој немал претходна историја на насилство и можното присуство на неговата сопруга и ќерки во куќата. Сите овие елементи јасно укажувале дека средствата икористени за да се уапси г-дин Гуцанов во неговиот дом биле прекумерни. Начинот на кој неговото апсење било спроведено предизвикал силни чувства на страв, вознемиреност и немоќ кај г-дин Гуцанов, кои го понижиле и снижиле него во сопствените очи и во очите на неговото семејство. Соодветно на тоа, и тој бил подложен на нечовечко однесување.
Заклучок: Повреда (едногласно).
Член 5 § 3
(A) Изведување пред судија – Г-дин Гуцанов бил уапсен на 31 март 2010 во 6 часот и 30 минути и бил изведен пред судија три дена, пет часа и триесет минути подоцна. Тој бил осомничен за проневера на јавни фондови и злоупотреба на службената должност, но не бил осомничен за вмешаност во насилни криминални активности. Тој бил подложен на понижувачко постапување за време на полициската операција за негово апсење. По овие настани, и покрај фактот што тој бил возрасен и помогнат од страна на адвокат од почетокот на неговото лишување од слобода, г-дин Гуцанов бил психички ранлив во текот на првите денови по неговото апсење. Исто така, фактот дека тој бил добро познат политичар, како и интересот на медиумите за неговото апсење, несомнено придонеле за психолошкиот притисок врз него за време на почетната фаза од неговото апсење. За време на неговиот прв ден во притвор г-дин Гуцанов учествувал во неколку истражни мерки. Сепак, канцеларијата на регионалниот јавен обвинител не побарала продолжување на притворот во очекување на судењето се до последниот ден од четиридневниот период на притвор дозволен според домашното право во отсуство на судско овластување, иако жалителот не учествувал во каква и да е истражна мерка веќе два дена. Тој бил притворен во градот каде што се наоѓал судот надлежен да одлучи за продолжувањето на мерката притвор, и никакви исклучителни мерки на безбедност не биле потребни во неговиот случај. Накусо, со оглед на психолошката ранливоста на жалителот во првите денови по неговото апсење, и отсуството на какви било околности кои ја оправдувале одлуката да не го изведат пред судија на вториот или третиот ден од неговото апсење, Државата не успеала во својата обврска да го изведе жалителот „веднаш“ пред судија или друго службено лице овластено да ја испита законитоста на неговото апсење.
Заклучок: Повреда (шест гласа наспроти еден).
(б) Должина на притворот – Г-дин Гуцанов бил лишени од слобода четири месеци, од кои два месеци поминал под забрана за напушатање на живеалиштето. Уште од неговите први барања за ослободување, домашните судови оцениле дека немало никаков ризик дека тој ќе побегне. Тие сепак наредиле продолжување на мерката притвор врз основа на тоа дека би можел да изврши понатамошни прекршоци, особено да прикрива или уништува докази. Апелациониот суд, во својата одлука од 25 мај 2010 година, оценил дека вториот ризик, исто така, престанал да постои со оглед на оставката на жалителот од неговата позиција на претседател на градскиот совет. Забрана за напуштање на живеалиштето била сепак донесена во однос на г-дин Гуцанов, без апелациониот суд да наведе каква и да е конкретна причина за да ја оправда оваа мерка, која останала на сила следните два месеци. Соодветно на тоа, властите не успеале во нивната обврска да наведат причини кои го оправдуваат продолжувањето на притворот на жалителот по 25 мај 2010 година.
Заклучок: Повреда (едногласно).
Член 5 став 5: Барањето за отштета што е предвидено со Законот за одговорност на државата не може да се смета како ефективно домашно правно средство. Немало друга одредба во домашниот закон со која можело да се добие надомест за претрпената штета во однос на прекумерната должина на притворот или на доцнењето на изведувањето пред судија.
Заклучок: Повреда (едногласно).
Член 6 став 2: Коментарите дадени од страна на министерот за внатрешни работи на ден по апсењето на г-дин Гуцанов, и објавени во весник во време кога случајот бил во фокусот на силен јавен интерес, го преминале обичното давање информации. Коментарите на министерот и дале впечаток на јавноста дека г-дин Гуцанов бил еден од „мозоците“ на криминална група која отуѓила големи суми на јавни пари. оттука, тие ја повредиле презумпцијата на невиност на жалителот. Што се однесува до причините наведени за одлуката за продолжување на притворот на г-дин Гуцанов, судијата изјавил дека судот „останува на ставот дека било сторено кривично дело и дека обвинетиот бил вмешан“. Оваа реченица соодветствувала на прогласување на вина уште пред да биде донесена каква и да е одлука за основаноста, и исто така ја повредила презумцијата на невиност на жалителот.
Заклучок: Повреда (едногласно).
Член 8: Претресот бил извршен без претходно овластување од страна на судија. Записникот изготвен по претресот бил доставен до судија од првостепениот суд, кој дал негово формално одобрување но не навел никакви причини. Судот не смета дека ова е доволно за да се покаже дека судијата спровел ефективна контрола на законитоста и потребата од претрес. Таа контрола била особено потребна, бидејќи во ниту еден момент претходно не било прецизирано кои документи и предмети поврзани со кривичната истрага надлежните за истрагата очекувале да ги најдат и да ги запленат во домот на жалителите. Општата природа на претресот во прашање била потврдена од многубројноста и разновидноста на предмети и документи запленети и со отсуството на каква и да е очигледна врска меѓу некои од овие предмети и кривичните дела под истрага. Понатаму, со оглед на тоа што кривичната истрага била отворена пет месеци претходно, надлежните за истрагата можеле да побараат судски налог пред извршувањето на претресот. Во отсуство на претходно овластување од страна на судија и на ретроспективна контрола на мерката во прашање, постапката не била придружена со доволно заштитни мерки за да се спречи ризикот од злоупотреба на власта од страна на криминално-истражните органи. Жалителите биле ефективно лишени од потребната заштита наспроти арбитрарноста. Мешањето во нивното право на почитување на нивниот дом затоа не било „во согласност со законот“.
Заклучок: Повреда (едногласно).
Член 13 заедно со членовите 3 и 8: Ниту кривична пријава, ниту барање за отштета против државата не ќе претставувале соодветен домашен правен лек. Нанесувањето психичко страдање не претставувало кривично дело во домашното право, и тоа ја осудувало однапред на неуспех евентуалната кривична пријава од страна на жалителите. Жалителите немале на располагање ниту еден домашен правен лек за да го потврдат своето право да не бидат подложени на нечовечко или понижувачко постапување или нивното право на почитување на нивниот дом.
Заклучок: Повреда (едногласно).
Член 41: 40 000 ЕУР заедно за нематеријална штета.
© Совет на Европа / Европски суд за човекови права
Ова резиме од страна на Секретаријатот не обврзува Судот.
На овој линк може да се најдат Информативни белешки од судската пракса
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2014
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy