Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ВТОР ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ ХАЛДИМАН (HALDIMANN) И ДРУГИ против ШВАЈЦАРИЈА
(Жалба бр. 21830/09)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
24 февруари 2015
Оваа пресуда ќе стане конечна согласно условите дефинирани во член 44 став 2 од Конвенцијата. Може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Халдиман (Haldimann) и други против Швајцарија
Европскиот суд за човекови права (втор оддел), заседавајќи во совет составен од:
Ишил Каракаш (Işıl Karakaş), претседателка,
Андраш Сајо (András Sajó),
Небојша Вучиниќ (Nebojša Vučinić),
Хелен Келер (Helen Keller),
Пол Леменс (Paul Lemmens),
Егидијус Курис (Egidijus Kūris),
Роберт Спано (Robert Spano), судии,
и од Стенли Нејсмит (Stanley Naismith), секретар на оддел,
Расправајќи на заворена седница на 20 јануари 2015 г.,
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1 Случајот произлегува од жалба (бр. 21830/09) против Швајцарската Конфедерација поднесена од страна на четири државјани на таа држава, г-дин Улрих Матијас Халдиман (Ulrich Mathias Haldimann) („првиот жалител“), г-дин Хансјорг Уц (Hansjörg Utz) („вториот жалител“), г-ѓа Моника Анмари Балмер (Monika Annemarie Balmer) („трета жалителка“) и г-ѓа Фиона Рут Стребел (Fiona Ruth Strebel) („четвртата жалителка"), поднесена до Судот на 3 Април 2009 година во согласност со членот 34 од Европската конвенција за човекови права и основни слободи („Конвенцијата“).
2 Жалителите беа застапувани од страна на г-дин. Р. Мајр вон Балдег (Mayr von Baldegg), адвокат во Луцерно. Швајцарската Влада („Владата") беше застапувана од нејзиниот заменик агент, г-дин. Адриан Шејдегер (Adrian Scheidegger), од одделението Европско право и меѓународна заштита на човековите права на Федералната канцеларија за правда.
3 Жалителите тврдат дека тие биле жртви на повреда на правото на слобода на изразување заштитено со членот 10 од Конвенцијата.
4 На 23 ноември 2010 година, жалбата е доставена до Владата.
5 Media Legal Defence Initiative (MLDI) добил дозвола да интервенира во писмената постапка (член 36 § 2 од Конвенцијата и член 44 § 3 од Деловникот на Судот).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
6 Жалителите, поединечно, се родени во 1953, 1950, 1969 и 1969 година и живеат во Устер (Uster), Цирих (Zürich), Барецвил (Bäretswil) и Нусбаумен (Nussbaumen).
7 Настаните од случајот, изложени од страна на жалителите, можат да се сумираат како што следи.
8 По годишните извештаи на Народниот правобранител на кантонот на Цирих за приватното осигурување и писмата од телевизиските гледачи примени од страна на редакцијата на „Kassensturz", неделна емисија за заштита на потрошувачите која се емитувала на швајцарската телевизија (SF DRS) многу години, и кои го изразувале своето незадоволство во однос на осигурителните брокери нагласувајќи ги приближните и непрецизни проценки што тие ги правеле во рамките на нивните активности, третата жалителка, уредничка на емисијата во прашање, подготвила извештај за практиките во секоторот на продажба на производи од областа на животното осигурување.
9 Таа се договорила, со уредникот задолжен за емисијата (вториот жалител) и со главниот уредник на SF DRS (вториот жалител), да ги снимаат средбите помеѓу клиентите и брокерите со скриена камера, за да ги покажат недостатоците на последниве. Било одлучено овие средби да бидат снимени во приватен стан и потоа да бидат коментирани од страна на специјалист од областа на осигурувањето.
10 Четвртата жалителка, новинарка од SF DRS, договорила средба со осигурителен брокер од компанијата Х, која се одржала на 26 февруари 2003 година. Таа се преставила како клиентка кој била заинтересирана за потпишување полиса за животно осигурување. Во собата каде требало да се одржи интервјуто биле поставени две скриени аудиовизуелни скриени камери (Lipstickkameras), кои ја пренесувале снимката од средбата во соседната соба каде што се наоѓале третата жалителка и специјалистот за осигурување. Еден камерман и една техничарка, исто така, се наоѓале во оваа соба, задолжени да ја снимат оценката на разговорот од страна на експертот.
11 Откако разговорот завршил, третата жалителка влегла во собата и се претставила како уредничка на „Kassensturz“, објаснувајќи му на брокерот дека разговорот бил снимен. Брокерот одговорил дека тоа и го очекувал ("Das habe ich gedacht“). Таа му рекла дека тој направил капитални грешки за време на средбата и го поканила да даде свое мислење, но тој одбил.
12 Потоа, првиот и вториот жалител се договориле делумно да го емитуваат снимениот разговор во едно од наредните изданија на „Kassensturz". Тие и предложиле на компанијата Х да заземе став за разговорот и за изразената критика и ги увериле надлежните дека лицето и гласот на брокерот ќе бидат скриени и оттука нема да бидат препознатливи. Така, жалителите го пикселизирале лицето на брокерот на начин што само бојата на косата и кожата сè уште биле видливи по оваа трансформација на сликата, како и неговата облека. Неговиот глас, исто така, бил изменет.
13 На 3 март 2003 година, брокерот поднел граѓанска тужба до Окружниот суд во Цирих за да се спречи емитувањето на спорната снимка. Оваа тужба била одбиена со одлука од 24 март 2003 година.
14 На 25 март 2003 година, извадоци од снимениот разговор биле емитувани на 26 февруари, пришто лицето и гласот биле изменети како што било предвидено. Барањето за привремени мерки за заштита на интересите на брокерот било отфрлено претходниот ден.
15 На 29 август 2006 година, еден кривичен судија од округот на Диселдорф (кантонот на Цирих) ги ослободил првите три жалители од осомничувањето за прислушкување и снимање разговори на други лица во смисла на член 179a, ставови 1 и 2 од Кривичниот законик, и четвртата жалителка од осомничувањето за неовластено снимање на разговори во смисла на членот 179 б, прв став од Кривичниот законик.
16 Како јавниот обвинител (Oberstaatsanwalt) од кантонот на Цирих така и брокерот, во својство на оштетено лице, поднеле жалба против пресудата од 29 август 2006 година.
17 Со пресуда од 5 ноември 2007 година, Врховниот суд (Obergericht) од кантонот на Цирих ги осудил првите три жалители заради снимање на разговори на други лица во смисла на членот 179a став 1 и 2 од Кривичниот законик и за повреда на тајноста или на приватноста со помош на камера во рамките на значењето на членот 179 г, став 1 и 2 од Кривичниот законик. Четвртата жалителка била осудена за неовластеното снимање на разговори во рамките на значењето на членот 179 в, став 1 од Кривичниот законик и за нарушување на тајноста или приватноста со помош на камера во рамките на значењето на членот 179 г, прв став, од Кривичниот законик. Првите три жалителите биле осудени, условно, на петнаесет дена - парична казна во износ од 350 швајцарски франци (CHF), 200 CHF и 100 CHF, секој поединечно, и четвртата жалителка била осудена на пет дена - парична казни во износ од 30 CHF.
18 Жалителите заеднички ги обжалиле осудите пред Федералниот суд, повикувајќи се особено на нивното право на слобода на изразување според членот 10 од Конвенцијата. Според нив, употребата на оспорената постапка била нужна за да се постигне целта.
19 Во пресуда од 7 октомври 2008 година, за која бил известен претставникот на жалителите на 15 октомври 2008 година, Сојузниот суд ја усвоил жалбата во онаа мера во која таа се однесувала на обвинението за повреда на тајноста или приватноста со помош на камера во рамките на значењето на член 179 г од Кривичниот законик. Тој оценил дека во овој случај имало повреда на принципот на обвинение и повреда на правата на одбраната. Тој го вратил предметот до понискиот суд.
20 Жалбата била одбиена и влегла во сила како res judicata за остатокот. Федералниот суд утврдил дека жалителите извршиле дејствија кои спаѓале во рамките на опсегот на членот 179 а, ставови 1 и 2 и член 179 в, став 1 од Кривичниот законик и го отфрлил оправдувањето на кое се повикале жалителите. Високиот суд го признал интересот јавноста да биде информирана за практиките во осигурителниот сектор, кој можел да ги надмине индивидуалните интереси во игра. Сепак, Федералниот суд оценил дека жалителите можеле да изберат други средства, помалку штетни за приватните интереси на брокерот, како што се коментари на годишните извештаи на Народниот правобранител, интервјуа со вработените на истиот или со незадоволни корисници. Покрај тоа, наместо да ја снимаат средбата со скриена камера, новинарот можел да направи записник, дури и ако неговата доказна вредност очигледно ќе била понеуверлива. Конечно, снимањето ниту еден случај не било доволно, според Федералниот суд, за да обезбеди сигурни индиции за наведените проблеми Во оваа област, лошите примери биле вообичаени и општо познати. Затоа емитувањето на еден единствен случај не овозможувало јавноста да извлече општи заклучоци за квалитетот на советите понудени од страна на осигурителните компании.
21 Со пресуда на Врховниот суд на кантонот од Цирих од 24 февруари 2009 година, жалителите биле ослободени од обвиненијата за повреда на тајноста или приватноста со помош на камера во рамките на значењето на членот 179 г од Кривичниот законик. Судот оттука малку ги намалил санкциите изречени против жалителите: на првите три жалители поединечно им биле изречени парични казни од дванаесет дена - парични казни од 350 швајцарски франци (односно околу 290 евра (ЕУР)), 200 швајцарски франци (односно, околу 160 евра) и 100 швајцарски франци (односно, околу 80 евра) по ден, наместо четиринаесет дена-парична казна и четвртата жалителка била осудена на казна од четири дена-парични казни од 30 швајцарски франци по ден, наместо на пет дена-парични казни условно и пробен период од две години . Жалителите не поднеле жалба до Федералниот суд против оваа пресуда.
II. РЕЛЕВАНТНОТО НАЦИОНАЛНО ПРАВО И СУДСКАTA ПРАКСА
22 Релевантните одредби од швајцарскиот казнен законик гласат:
„Член 179a: Прислушкување и снимање на разговори меѓу други луѓе
Оној кој, без согласност на сите учесници, ќе прислушкува со помош на уред за прислушкување или ќе снима на носител на звук не-јавен разговор меѓу други лица,
оној кој извлекол корист од или запознал трето лице со факт што тој го дознал или за кој требало да претпоставува дека дошол до неговото знаење со помош на казниво дело според ставот 1
оној кој сочувал или ставил на располагање на трето лице снимка за која знаел или требало да претпостави дека била направена со помош на казниво дело според ставот 1, ќе биде, врз основ на тужба, казнет со казна од најмногу три години лишување од слобода или со парична казна.
Член 179 б: Неовластено снимање на разговори
Оној кој, без согласност на другите соговорници, ќе сними на носач на звук не-јавeн разговор во кој учествувал,
оној кој зачувал снимка за која знаел или требало да претпостави дека била направена со помош на казниво дело според став 1, или извлекол корист од истата, или ја ставил на располагање на трето лице, врз основа на тужба, ќе биде казнет со лишување од слобода една година или со парична казна.
Член 179 г: Повреда на тајноста или на приватноста со користење на уред за видео снимање
Оној кој, без согласност на засегнатото лице, забележал со уред за видео снимки или со носач на слики факт кој ја засега тајноста на тоа лице или факт кој не може да биде виден од кој и да е и кој се однесува на приватноста на истото,
оној кој извлекол корист од или запознал трето лице со факт што тој го дознал или за кој требало да претпоставува дека дошол до неговото знаење со помош на казниво дело според ставот 1
оној кој зачувал видео снимка или ја направил достапна на трето лице, кога знаел или требало да претпоставува дека таа била добиена по пат на казниво дело според став 1, ќе биде, врз основ на тужба, казнет со казна лишување од слобода од најмногу три години или со парична казна.“
23 Релевантните делови од Резолуцијата 1165 (1998) на Парламентарното собрание на Советот на Европа за правото на почитување на приватниот живот, усвоена од страна на Парламентарното собрание на 26 јуни, 1998 година, гласат вака:
„10. Затоа е потребно да се најде начинот кој овозможува балансирано остварување на две фундаментални права, еднакво гарантирани со Европската конвенција за човекови права: правото на почитување на приватноста и правото на слобода на изразување.
11. Собранието ја потврдува важноста на правото на почитување на приватниот живот на секое лице, како и на правото на слобода на изразување, како темели на едно демократско општество. Овие права се ниту апсолутни, ниту пак хиерархиски подредени, бидејќи тие се еднакви.
12. Сепак, Собранието потсетува дека правото на почитување на приватниот живот гарантирано со членот 8 од Европската конвенција за човекови права треба да го заштити поединецот не само против мешањето од страна на јавните власти, но исто така и против мешањето од страна на поединци и приватни институции, вклучувајќи ги и она на средствата за јавно информирање.
13. Собранието смета дека, со оглед на тоа што сите земји-членки отсега ја имаат ратификувано Европската конвенција за човекови права, и што, од друга страна, многу национални законодавства содржат одредби кои ја гарантираат оваа заштита, не е потребно да се предложи усвојувањето на нова конвенција за да се гарантира правото на почитување на приватниот живот. (...)“
ПРАВО
I. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 10 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
24 Жалителите се жалaт на повреда на правото на слобода на изразување како што е предвидено со членот 10 од Конвенцијата, кој предвидува:
„1. Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на сопствено мислење и примање и пренесување на информации или идеи без било какво мешање на јавната власт и без оглед на државните граници. Овој член не ги спречува државите да доделуваат лиценци за работа на претпријатијата за радиодифузија, телевизиски пренос и кината.
2. Остварувањето на овие слободи, бидејќи со себе носи и одговорност, може да се подложи на формалности, услови, рестрикции или казни определени со закон и неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната сигурност, за заштита од немири или кривично дело, на здравјето или моралот, репутацијатa или правата на другите, за заштита од откривање на доверливи информации или за одржување на авторитетот и непристрасноста на правосудството“
25 Владата се спротистави на овој аргумент.
A. За допуштеноста
26 Судот констатира дека жалбата не е очигледно неоснована во смисла на членот 35 § 3 а) од Конвенцијата. Судот понатаму забележува дека нема причина за таа да биде прогласена за недопуштена. Оттука, таа мора да биде прогласена за допуштена.
Б. За основаноста
1. Тезите на страните
а) Жалителите
27 Жалителите тврдат дека членовите 179 а и 179 б од Кривичниот законик не се доволно предвидливи во однос на нивните правни дејства. Според нив, употребата на скриена камера не е никаде експлицитно регулирана и судската пракса на судовите и препораките на Швајцарскиот совет за печат се нејасни. Федералниот суд се обидува да ја цензурира на апсолутен начин употреба на истражувањето и на скриената камера.
28 Жалителите додадаават дека членовите 179а и 179б од Кривичниот законик ја заштитуваат непристрасноста на комуникацијата меѓу луѓето ниту пак правата на личноста, туку доверливоста на комуникациите во приватната сфера. Во овој случај, разговорот се одржал во стан кој не припаѓал на брокерот и за време на неговото работно време. Покрај тоа, не постоел специфичен однос на доверба помеѓу новинарот и брокерот. Според нив, не се работи за заштита на приватната и интимната сфера на брокерот. Фактот дека гласот и лицето на брокерот биле маскирани целосно ја менува ситуацијата.
29 Тие, исто така, тврдат дека тие ги испочитувале нивните обврски и одговорности во овој случај. Во својата одлука бр 51/2007 Швајцарскиот совет за печат одлучил дека скриените истражувања се дозволени доколку информациите се од јавен интерес и доколку информациите не можат да се добијат на друг начин. Темата на програмата која имала за цел да го привлече вниманието на јавноста за дисфункционирањето на приватното осигурување во Швајцарија биле од повисок јавен интерес. Покрај тоа, новинарите се слободни да ги избираат средствата за да ја спроведат истрагата. Реалната презентација била потребна во овој случај; ако доказите биле фалсификувани, брокерот ќе го добиел случајот во парнична постапка. Разубедувачкиот ефект е многу важен со оглед на апсолутниот карактер на решението на Федералниот суд. Брокерот имал можност да се искаже за критиките на жалителите по снимањето и пред емисијата, што тој одбил да го стори.
б) Владата
30 Владата не го спори фактот дека спорните осуди претставуваат „мешање“ во остварувањето на засегнатите на нивното право на слобода на изразување. Од друга страна, според неа, ова мешање било предвидено со јасен и предвидлив закон. Членот 179a го штити ефективниот разговор и членот 179б го штити спонтаниот говор. Како интимната и приватната сфера, така и правото на сопствената слика и збор се заштитени и одговараат на легитимната цел на заштитата на угледот и правата на другите.
31 Фактот дека гласот и лицето на брокерот биле маскирани не менува ништо, според мислењето на Владата, бидејќи законот го казнува снимањето и емитувањето како такви. Покрај тоа, како што тоа било утврдено од Федералниот суд, не е исклучено дека роднините или соработниците на брокерот можат да го препознаат и соодветно да го идентификуваат. Владата, исто така, тврди дека нема никаква последица врзана за исходот на националната парнична постапка која е независна од кривичната постапка и следи различна логика.
32 Што се однесува до пропорционалноста на мерката, Сојузниот суд оценил дека употребата на скриена камера покажува сличности со истражните методи на тајните служби или следењето на кореспонденцијата преку пошта и телекомуникации. Овие методи се дозволени, но само под многу рестриктивни услови и за многу сериозни кривични дела. Федералниот суд добро се произнел in concreto во случајот а не на општ начин. Тој признал дека постои значителен интерес јавноста да биде информирана за можни недостатоци во секторот за продажба на животни осигурувања, но, дека во овој случај, извештајот само илустрирал веќе познати проблеми без да открие кој и да е од овие проблеми. Новинарот можел да го транскрибира разговорот без да го сними или да употреби други правни средства, не било негова задача да обезбеди апсолутен доказ. Понатаму, Владата наведува дека жалителите, како искусни новинари, не можеле да игнорираат дека казнивото поведение ги изложувало на казна која не била неразумна во овој случај.
в) Media Legal Defence Initiative (MLDI), трета страна-вмешувач
33 MLDI, трета страна-вмешувач, ја нагласува важноста на тајните истражни средства за изготвување на одредени видови на репортажи, особено кога е потребно да се заобиколи негуваниот имиџ на моќни и софистицирани организации или за да се влезе во скриен незаконски свет каде што пристапот е ограничен. Користени на етички и насочен начин, тоа се алатки кои се користат во краен случај за да се разоткријат вистинските практики кои не би можеле да бидат реално идентификувани со помош на други средства. Постои разлика во оценката кога снимањето се одвива надвор од домот или канцеларијата на сниманото лице. MLDI нагласува дека многу европски држави го прифаќаат, притоа врамувајќи го, користењето на тајни начини на истрага.
2. Оценка на Судот
34 Не е спорно за страните дека осудата на жалителите претставува „мешање од страна на јавните власти“ во нивното право на слобода на изразување.
35 Таквото мешање ја прекршува Конвенцијата ако тоа не ги исполнува условите од ставот 2 од членот 10. Затоа е потребно да се утврди дали тоа било „пропишано со закон“, водено од една или повеќе легитимни цели од наведениот став и „неопходно во едно демократско општество“ да ги постигне истите.
а) Пропишано со закон
36 Судот се повикува на својата пракса според која зборовите „пропишано со закон" не само што бараат оспорената мерка да има некоја основа во домашното право, туку, исто така, се однесуваат на квалитетот на законот во прашање: така, тој треба да биде достапен на страните во судската постапка и предвидлив во неговите правни дејства (видете, меѓу многу други, Rotaru c. Roumanie [ГС], бр. 28341/95, § 52, ЕСЧП 2000V ; Vgt Verein gegen Tierfabriken c. Suisse, бр. 24699/94, § 52, ЕСЧП 2001VI ; Gawęda c. Pologne, бр. 26229/95, § 39, ЕСЧП 2002II и Maestri c. Italie [ГС], бр. 39748/98, § 30, ЕСЧП 2004-I). Сепак, државните органи се оние кои се надлежни, особено судовите, за толкувањето и примената на домашното право (Kruslin c. France, 24 април 1990, § 29, серија A бр 176-A и Kopp c. Suisse, 25 март 1998, § 59, Recueil des arrêts et décisions 1998-II).
37 Што се однесува до околностите на случајот, неспорно е дека осудата на жалителите е врз основа на достапен законски текст, имено членовите 179а и 179б од Швајцарскиот кривичен законик. Од друга страна, жалителите тврдат дека правните стандарди не се предвидливи во нивните правни дејствија, бидејќи користењето на скриена камера никаде не е изрично забрането.
38 Судот смета дека разликата во толкувањето на страните во врска со овие два члена од швајцарскиот кривичен законик се однесува само на целта на овие казнени мерки, односно елементите од приватниот живот и од личноста што тие бараат да се заштити. Сепак, Судот забележува дека жалителите не тврдат дека видот на казниво однесување, онака како што е опишано во членовите во прашање, не е доволно јасен.
39 Според тоа, Судот смета дека жалителите, новинари и уредници, не можеле а да не знаат, во нивното својство на професионалци на телевизиски емисии, дека се изложувале, со користење на скриена камера, без согласноста на лице кое било предмет на репортажа и без неговата дозвола за емитување на оваа репортажа, на кривична санкција.
40 Како заклучок, Судот заклучи дека спорното мешање било „пропишано со закон“ во смисла на ставот 2 на членот 10 од Конвенцијата.
б) Легитимна цел
41 Владата тврди дека осудата на жалителите ја имала за легитимна цел заштитата на угледот и правата на другите, имено, на осигурителниот брокер. Жалителите тврдат дека мешањето не можело да има таква цел, штом правата и репутацијата на брокерот, чие лице и глас биле маскирани, не биле оштетени.
42 Судот констатира дека сликата и гласот на брокерот биле снимени без негово знаење и потоа емитувани против неговото мислење, секако во анонимна форма, но на пејоративен начин, обелоденувајќи ги погрешните професионални совети дадени од страна на брокерот, во телевизиското шоу со голема гледаност.
43 Судот оттука смета дека спорната мерка можела да ја има за цел заштитата на правата и угледот на другите, имено правото на брокерот на својата сопствена слика, сопствениот збор и углед.
в) Неопходно во едно демократско општество
i. Општи принципи
44 Слободата на изразување претставува една од суштинските основи на едно демократско општество, еден од основните услови за неговиот напредок и за развојот на секој човек. Сo исклучокот изразен во ставот 2 на членот 10, таа се однесува не само на „информациите" или „идеите“ кои се позитивно примени или се сметаат за безопасни или ненавредливи, туку исто така и на оние што навредуваат, шокираат или вознемируваат; тоа го бараат плурализмот, толеранцијата и слободоумието без кои не постои „демократско општество“. Како што е утврдено со член 10, слободата на изразување е предмет на исклучоци кои, меѓутоа, бараат тесно толкување, и потребата таа да се ограничи мора да биде убедливо утврдена (видете, меѓу другите, Handyside c. Royaume-Uni, 7 декември 1976, § 49, серија A бр. 24 ; Editions Plon c. France, бр. 58148/00, § 42, ЕСЧП 2004IV ; Lindon, Otchakovsky-Laurens et July c. France [ГС], бр. 21279/02 и 36448/02, § 45, ЕСЧП 2007IV).
45 Судот, исто така, постојано ја истакнува клучната улога на печатот во едно демократско општество. Иако печатот не смее да пречекори извесни граници, вклучувајќи ја и заштитата на угледот и правата на другите, тој сепак е обврзан да пренесе во јавноста, во согласност со своите обврски и одговорности, информации и идеи за сите прашања од општ интерес. На неговата функција која се состои во тоа да шири информации и идеи за овие прашања се надоврзува правото на јавноста нив да ги добива. Доколку тоа било поинаку, печатот ќе бил во можност да ја игра својата неопходна улога на „чувар" (Bladet Tromsø et Stensaas c. Norvège [ГС], бр; 21980/93, §§ 59 и 62, ЕСЧП 1999III, и Pedersen et Baadsgaard c. Danemark [ГС], бр; 49017/99, § 71, ЕСЧП 2004XI). Иако формулирани пред се за печатените медиуми, овие принципи се применуваат без сомнение на аудио-визуелните медиуми (Jersild c. Danemark, 23 септември 1994, § 31, серија A бр. 29)
46 Членот 10 § 2 од Конвенцијата нагласува дека остварувањето на слободата на изразување содржи „должности и одговорности“, кои се применуваат и на медиумите, дури и кога станува збор за прашања од голем општ интерес. Овие обврски и одговорности може да станат особено важни кога постои ризик да се оцрни угледот на лице цитирано по име и да се наштети на „правата на другите“. Така, мора да има конкретни причини за да може да се ослободат медиумите од нивната вообичаена одговорност да проверуваат фактички изјави кои клеветат нечија репутација. Во овој поглед, особено влегуваат во игра природата и степенот на наведеното обвинување и прашањето за тоа до која мера медиумите можат разумно да ги сметаат своите извори за извори од доверба што се однесува до дадените наводи (Pedersen et Baadsgaard, претходно наведена, § 78, и Tønsbergs Blad A.S. et Haкoum c. Norvège, бр. 510/04, § 89, 1ви март 2007).
47 Исто така, треба да се напомене дека секој, дури и да е новинар, кој ја остварува својата слобода на изразување, презема „должности и одговорности“ чиј опсег зависи од неговата ситуација и од користената техничка процедура (Stoll c. Suisse [ГС], бр. 69698/01, § 102, ЕСЧП 2007V). Така, и покрај огромната улога што ја играат медиумите во едно демократско општество, новинарите не можат во принцип да бидат ослободени, со заштитата што им ја нуди членот 10, од нивната должност да ги почитуваат законите на кривичното право. Ставот 2 од членот 10 исто така ги поставува ограничувањата на остварувањето на слободата на изразување кои остануваат да важат дури и кога станува збор за известување во печатот за сериозни прашања од јавен интерес (ibidem, § 102).
48 При испитувањето на неопходноста од мешање во едно демократско општество заради „заштита на угледот или правата на другите“, Судот може да треба да провери дали националните власти зачувале соодветен баланс во заштитата на две вредности загарантирани со Конвенцијата и кои можат да се чинат во конфликт во некои случаи: имено, од една страна, слободата на изразување заштитена со членот 10 и,од друга страна, правото на почитување на приватниот живот гарантирано со одредбите од членот 8 (Hachette Filipacchi Associés c. France, бр. 71111/01, § 43, 14 јуни 2007, и MGN Limited c. Royaume-Uni, бр. 39401/04, § 142, 18 јануари 2011)..
49 Исто така, правото на заштита на угледот е право кое спаѓа во опсегот на, како елемент од приватниот живот, членот 8 од Конвенцијата (Chauvy et autres c. France, бр. 64915/01, § 70, ЕСЧП 2004VI ; Pfeifer c. Autriche, бр. 12556/03, § 49, 15 ноември 2007 ; Polanco Torres et Movilla Polanco c. Espagne, бр. 34147/06, § 40, 21 септември 2010 и Axel Springer AG c. Allemagne [ГС], бр. 39954/08, § 83, 7 февруари 2012,). Сепак, за членот 8 да биде земен во предвид, нападот на личниот углед мора да постигне одредено ниво на сериозност и да биде направен со цел да предизвика штета на личното уживање на правото на почитување на приватниот живот (A. c. Norvège, бр. 28070/06, § 64, 9 април 2009).
50 Во својата претходна судска пракса Судот имал работа со случаи на повреди врз личниот углед на јавни личности (Axel Springer AG, претходно наведена). Тој потсетува дека веќе утврдил шест критериуми кои треба да се анализираат во случај на балансирање на правото на слобода на изразување и правото на почитување на приватниот живот: придонесот кон дебата од општ интерес, реномето на засегнатото лице и предметот на репортажата, претходното однесување на засегнатото лице, начинот на добивање на информациите и нивната вистинитост, содржината, формата и реперкусиите од објавувањето како и сериозноста на изречената казна (Axel Springer AG, претходно наведена, §§ 90-95).
51 Судот, исто така, се произнел за случаите за клевета во врска со професионална пракса на поединец (во случај на доктор, Kanellopoulou c. Grèce, бр. 28504/05, 11 октомври 2007 ; во случај на генерален директор на фирма субвенционирана од страна на државата, Tănăsoaica c. Roumanie, бр. 3490/03, 19 јуни 2012 ; во случај на судии, Belpietro c. Italie, бр. 43612/10, 24 септември 2013).
52 Овој случај се разликува од оние претходни случаи во оној степен во кој, од една страна, осигурителниот брокер не бил јавна личност која уживала специјално реноме и, од друга страна, спорната репортажа немала за цел да го критикува брокерот лично, туку целела одредени деловни практики спроведени во рамките на професионална категорија на која тој и припаѓал (видете, а contrario, Kanellopoulou, претходно наведена). Оттука, влијанието на репортажата за личната репутација на брокерот било ограничено и Судот ќе го земе предвид овој конкретен аспект на случајот при примената на критериумите утврдени во неговата судска пракса.
53 Понатаму, Судот потсетува дека во областа на членот 10 од Конвенцијата, државите договорнички уживаат одреден простор за слободна проценка при утврдувањето на неопходноста и на степенот на мешање во слободата на изразување заштитена со таа одредба (Tammer c. Estonie, бр. 41205/98, § 60, ЕСЧП 2001I, и Pedersen et Baadsgaard, претходно наведена, § 68)
54 Во случаи како што е овој случај, Судот смета дека исходот од жалбата не може во принцип да се разликува според тоа дали била поднесена пред него, во смисла на членот 10 од Конвенцијата, од страна на новинарот кој ја објавил статијата во прашање или, во смисла на членот 8 од Конвенцијата, од страна на лицето предмет на оваа статија. Така, овие права заслужуваат априори еднакво почитување (Hachette Filipacchi Associés (ICI PARIS) c. France, бр. 12268/03, § 41, 23 јули 2009, Timciuc c. Roumanie (одл.), бр. 28999/03, § 144, 12 октомври 2010, и Mosley c. Royaume-Uni, бр. 48009/08, § 111, 10 мај 2011 ; видете ја исто точката 11 од резолуцијата на Парламентарното собрание, став 23 погоре). Оттука, просторот за слободна проценка би требало да биде во принцип ист и во двата случаи.
55 Ако балансирањето на овие права од страна на националните власти било направено во согласност со критериумите утврдени со судската пракса на Судот, потребни се сериозни причини за Судот да го замени мислењето на националните судови со своето (Palomo Sánchez et autres c. Espagne [ГС], бр. 28955/06, 28957/06, 28959/06 и 28964/06, § 57, ЕСЧП 2011 и MGN Limited, претходно наведена, §§ 150 et 155).
ii. Примена на овој случај
56 Судот мора прво да утврди дали репортажата за која станува збор се однесувала на тема од општ интерес. Судот веднаш забележува дека темата на направената репортажа, имено слабиот квалитет на советите дадени од страна на приватните осигурителни брокери, и оттука, врз основа на тоа, прашање на заштита на правата на потрошувачите, се однесувала на дебата која била предмет на многу важен јавен интерес.
57 За Судот, исто така е важно да се разгледа дали репортажата за која станува збор можела да ја поттикне јавната дебата на таа тема (Stoll, цитирана погоре, § 121). Во овој поглед, Федералниот суд смета дека доколку темата можела, сама по себе, да биде од јавен интерес доколку се обидела да го утврди степенот на распространетост на феноменот, спорната репортажа не придонела со нешто ново кон проблематиката на лошиот квалитет на советите. Покрај тоа, други постапки, помалку штетни за интересите на брокерот, ќе овозможеле третирање на оваа проблематика. Во очите на Судот, единствено е важно тоа дали репортажата можела да придонесе кон дебатата од општ интерес, а не тоа дали репортажата во целост ја постигнала оваа цел.
58 Судот оттука прифаќа дека таква статија се занимавала со тема од општ интерес.
59 Судот потсетува дека членот 10 § 2 од Конвенцијата не остава простор за ограничувања на слободата на изразување во областа на прашањата од општ интерес (Sürek c. Turquie (бр. 1) [GC], бр. 26682/95, § 61 ЕСЧП 1999-IV ; Stoll, претходно наведена, § 106 ; Wingrove c. Royaume-Uni, 25 ноември 1996, § 58, Recueil 1996V ; Dupuis et autres c. France, бр. 1914/02, § 40, 7 јуни 2007).
60 Секако, како што тоа веќе го има кажано, Судот констатира дека брокерот снимен без негово знаење не бил јавна личност. Тој не се согласил да биде снимен и оттука можел „разумно да верува во приватниот карактер“ на интервјуто (видете, mutatis mutandis, Halford c. Royaume-Uni, 25 јуни 1997, §§ 44 и 45, Recueil des arrêts et décisions 1997-III и Perry c. Royaume-Uni, бр. 63737/00, §§ 36-43, ЕСЧП 2003-IX). Сепак, репортажата во прашање не била фокусирана на личноста на брокерот туку на одредени бизнис практики воспоставени во рамките на професионална категорија. Покрај тоа, средбата не се одржала во канцелариите на брокерот или во друг професионален простор (a contrario и mutatis mutandis, Chappell c. Royaume-Uni, 30 март 1989, § 51, серија A бр. 152-A ; Niemietz, претходно наведена, §§ 29-33 ; Funke c. France, 25 февруари 1993, § 48, серија A бр 256-A ; Crémieux c. France, 25 февруари 1993, § 31, серија A бр. 256-B ; и Miailhe c. France (бр. 1), 25 февруаари 1993, § 28, серија A бр. 256-C). Судот смета, значи, дека повредата на приватниот живот на брокерот е помала отколку во случај брокерот лично и ексклузивно да бил предмет на репортажата.
61 Начинот на добивање на информациите и нивната вистинитост, и тие исто, играат важна улога. Судот така веќе одлучи дека гаранцијата што членот 10 им ја дава на новинарите, во врска со известувањата за прашања од општ интерес, важи само под услов тие да дејствуваат со добра волја врз основа на точни факти и да обезбедуваат „сигурни и прецизни“ информации во согласност со новинарската етика (видете, на пример, Fressoz et Roire c. France [ГС], бр. 29183/95, § 54, ЕСЧП 1999-I ; Pedersen et Baadsgaard, претходно наведена, § 78 ; Stoll, пpретходно наведена, § 103, и Axel Springer AG, претходно наведена, § 93). Судот забележува дека ако страните се повикуваат на различни извори, тие, сепак, се согласуваат, во суштина, во однос на фактот дека употребата на скриена камера не била апсолутно забранета според домашното право, туку дека можела да биде дозволена под строги услови (видете §§ 29 и 32 погоре). Според нив, таквата употреба била дозволена само кога ширењето на информациите е од највисок јавен интерес и под услов добиените информации да не можат да бидат поинаку добиени. Судот веќе утврдил дека темата на оваа репортажа одговорала на прашање од општ интерес. Она што е важно во очите на Судот, во оваа фаза, тоа е анализата на однесувањето на жалителите. Во оваа смисла, иако Судот смета дека брокерот легитимно можел да се почувствува измамен од страна на жалителите, тој сепак е на став дека тие не можат да бидат обвинети за однесување кое е намерно спротивно на етичките правила. Последниве всушност не ги игнорирале новинарските правила онака како што биле дефинирани од страна на Швајцарскиот совет за печат (видете § 29 погоре) ограничувајќи ја употребата на скриената камера, туку тие поскоро заклучиле – погрешно, според највисокиот швајцарски суд - дека предметот на нивната репортажа требало да им дозволи употреба на скриена камера. Судот забележува дека швајцарските судови не биле едногласни во однос на ова прашање, и тие, во прва инстанца, ги ослободиле жалителите од какво и да е кривично обвинение. Според тоа, Судот смета дека не може да се утврди со сигурност дека жалителите немале волја да ги почитуваат етичките правила кои се применливи за овој случај, во однос на начинот на добивање на информации.
62 Што се однесува пак на презентираните факти, нивната вистинитост никогаш не била оспорена. Тоа што за потрошувачите ќе било поинтересно, како што се тврди од страна на Владата, да им се изложи распространетоста на критикуваните проблеми, наместо нивната природа, не менува ништо во однос на оваа констатација.
63 Судот понатаму потсетува дека може да се земе во предвид начинот на кој некоја репортажа или фотографија се објавени и на кој е претставена целната личност (Wirtschafts-Trend Zeitschriften-Verlagsgesellschaft m.b.H. c. Autriche (бр. 3), бр. 66298/01 и 15653/02, § 47, 13 декември 2005 ; Reklos et Davourlis c. Grèce, бр. 1234/05, § 42, 15 јануари 2009 ; и Jokitaipale et autres c. Finlande, бр. 43349/05, § 68, 6 април 2010). Покрај тоа, обемот на дистрибуцијата на репортажата и на фотографијата може, исто така, да биде важен, зависно од тоа дали се работи за весник со национален или локален тираж, дали е со голем или мал тираж (Iltalehti et Karhuvaara c. Finlande, бр. 6372/06, § 47, 6 април 2010).
64 Во конкретниот случај, Судот констатира дека жалителите снимиле средба која ги содржела сликите и звукот на наводни преговори меѓу брокерот и новинарката. Според мислењето на Судот, самата снимка нанела само ограничена штета на интересите на брокерот, бидејќи само ограничен круг на луѓе имале пристап до наведената снимка,со што владата се сложува.
65 Оваа снимка била потоа емитувана во облик на репортажа, особено пејоративна за брокерот, како што тоа Судот веќе го забележал. Иако кратко, емитувањето на секвенци од снимката можело да предизвика поголема повреда на правото на брокерот на приватност, бидејќи многу телевиизиски гледачи - околу десет илјади според Владата - биле во можност да ги видат. Судот е свесен дека аудиовизуелните медиуми често имаат понепосреден и помоќен ефект од печатените медиуми (Jersild, претходно наведена, § 31). Публиката така била во можност да формира свое мислење за квалитетот на советите и недостатокот на професионализам на брокерот. Сепак, во овој случај е пресудно тоа што жалителите го пикселизирале лицето на брокерот на начин на кој само бојата на неговата коса и кожа сеуште се гледале по трансформацијата на сликата. Неговиот глас, исто така, бил изменет. На истиот начин, Судот нагласува дека доколку облеката на брокерот била видлива, таа немала некој препознатлив знак. Конечно, средбата не се случила во просториите во кои брокерот обично работел.
66 Оттука, Судот смета дека, со оглед на околностите на овој случај, мешањето во приватниот живот на брокерот, кој се откажал од коментар за снимената средба, не е толку страшно ( A. c. Norvège, цитиранa погоре) за да треба да го засени јавниот интерес во однос на информирањето за наводните недостатоци кои се однесуваат на работата на осигурителните брокери.
67 Конечно, во однос на сериозноста на казната, Судот мора да се води сметка за нејзината природа и за нејзината тежина. Понекогаш самото тоа што имало осуда е поважно од минорниот карактер на изречената казна (Stoll, цитирана погоре, §§ 153-154). Во овој случај, иако паричните казни од дванаесет дена-парични казни за првите три жалители и четири дена-парични казни за четвртиот жалител биле релативно лесни, Судот смета дека изречената санкција од страна на кривичниот судија може да има тенденција да ги охрабри медиумите да се воздржат од изразување критики (Stoll, цитирана погоре, § 154), и тоа дури иако жалителите не биле лишени од можноста да ја емитуваат својата репортажа.
68 Во светло на претходно изнесеното, Судот смета дека оспорената мерка не била, во овој случај, неопходна во едно демократско општество и дека, според тоа, имало повреда на членот 10 од Конвенцијата .
II. ЗА ПРИМЕНАТА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
69 Според членот 41 од Конвенцијата,
„ Ако Судот изјави дека имало непочитување на Конвенцијата и на нејзините Протоколи, и ако националното право на Високата Договорна Страна овозможува само делумно бришење на последиците од ова непочитување, Судот ѝ доделува на оштететената страна, доколу е потребно, правичен надоместок.“
70 Жалителите не поднеле барање за правичен надоместок. Според тоа, Судот смета дека не постои основа за доделување на надоместок по овој основ.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Ја прогласи едногласно жалбата за допуштена;
2. Одлучи, со шест гласови против еден, дека имало повреда на членот 10 од Конвенцијата.
Изработено на француски и доставено на писмено на 24 февруари 2015 година, согласно членот 77 ставови 2 и 3 од деловникот.
Стенли НејсмитИшил Каракаш
Секретар на судотПретседателка
Кон оваа пресуда прикачено е, согласно членот 45 став 2 од Конвенцијата и членот 74 став 2 од Деловникот, експозето на издвоеното мислење на судијата Леменс.
А. И. К.
С.Х.Н.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015 .
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe ()). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy