© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА ХАРАКЧИЕВ И ТОЛУМОВ против БУГАРИЈА
(Жалби бр. 15018/11 и 61199/12)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
8 јули 2014 г.
Оваа пресуда ќе стане правосилна во околностите утврдени во членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија.
Во случајот на Харакчиев и Толумов против Бугарија,
Европскиот суд за човекови права (Четвртата секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:
Инета Зимеле (Ineta Ziemele), претседател,
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Јоргос Николау (George Nicolaou),
Леди Бјанку (Ledi Bianku),
Здравка Калајџиева (Zdravka Kalaydjieva),
Пол Махони (Paul Mahoney),
Криштоф Војтичек (Krzysztof Wojtyczek), судии,
и Фатош Арачи (Fatoş Aracı), заменик секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 24 јуни 2014 г.,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнува од две жалби (бр. 15018/11 и 61199/12) против Република Бугарија поднесени до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на двајца бугарски државјани, г-динот Митко Георгиев Харакчиев и г-динот Људвик Славов Толумов („жалителите“), на 22 февруари 2011 г. и на 11 септември 2012.
2. Жалителите беа претставувани од г-динот М. Екимџиев и г-ата С. Стефанова, адвокати со пракса во Пловдив. Бугарската Влада („Владата“) беше претставувана од нивните агенти г-ата И. Станчева-Чинова и г-ата К. Тадкова од Министерството за правда.
3. Жалителите конкретно тврдеа дека казната доживотен затвор без право на замена (доживотен затвор без замяна) на г-динот Харакчиев достигнувала ниво на нечовечно и понижувачко казнување, дека режимот и материјалните услови во кои тие биле затворени достигнувале ниво на мачење или нечовечно и понижувачко постапување, и дека немале делотворен правен лек во однос на материјалните услови на нивната затворска казна.
4. На 19 февруари 2013 г. Судот одлучи да ги спои жалбите, и да ги прогласи за делумно недопуштени, и да ја извести Владата за жалбите во врска со (а) казната на г-динот Харакчиев на доживотен затвор без право на замена; (б) режимот и условите во кои биле затворени жалителите; (в) наводното следење на преписката на г-динот Толумов во затвор; и (г) и наводното отсуство на делотворен правен лек за жалителите во однос на материјалните услови во затворот.
5. На 17 јули 2013 г. Судот ги повика странките да опфатат уште една дополнителна точка во своите забелешки.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
6. Жалителот во првата жалба (бр. 15018/11), г-динот Харакчиев е роден во 1968 г. Тој во моментов издржува казна доживотен затвор без право на замена (види параграфи 58-60 и 65 долу) во Затворот во Стара Загора.
7. Жалителот од втората жалба (бр. 61199/12), г-динот Толумов, е роден во 1954 г. Тој во моментов издржува казна доживотен затвор (види параграфи 56 и 65 долу) во Затворот во Пловдив.
А. Г-динот Харакчиев
1. Криминалното досие на г-динот Харакчиев и неговата казна доживотен затвор без право на замена
8. Меѓу 1992 и 2005 г-динот Харакчиев, возач и автомеханичар по професија, бил осуден осум пати за ненасилни дела: кражба и тешка кражба (четири осудителни пресуди) и измама и тешка измама (три осудителни пресуди). Казните што ги добил се движеле од две до пет години затвор.
9. На 21 јануари 2003 г. Регионалниот суд во Хасково го осудил г-динот Харакчиев за незаконско поседување на огнено оружје и четири вооружени грабежи на моторни возила извршени меѓу 14 октомври и 6 ноември 2001 г., од кои два биле проследени со обид за убиство и два со убиство. Бил осуден на казна доживотен затвор без право на замена.
10. На 26 јуни 2003 г. Апелациониот суд во Пловдив ја потврдил пресудата и казната на г-динот Харакчиев.
11. Во правосилната пресуда од 23 ноември 2004 г. (реш. № 476 от 23 ноември 2004 г. по н. д. № 901/2003 г., ВКС, ІІІ н. о.) Врховниот касационен суд исто така ја потврдил пресудата и казната. Тој меѓу другото одлучил дека со оглед на сериозноста на неговите дела – особено решителноста и суровоста со кои биле извршени – поблага казна, како што е казна доживотен затвор со право на замена (доживотен затвор със замяна), не би била соодветна. Заклучокот не можел да биде променет од фактот дека г-динот Харакчиев ги признал делата и им помогнал на истражните власти да ги откријат неговите кривични активности.
2. Условите во затворот во Стара Загора и затворскиот режим што се применува за г-динот Харакчиев
12. Г-динот Харакчиев се наоѓа во затворот во Стара Загора од 18 јануари 2002 г. Тој првично бил ставен под „зајакнат режим“ (види параграф 115 долу). Со стапувањето на сила на Законот за извршување на казни и притвор на 1 јуни 2009 г., тој режим бил заменет со „строг режим“ (види параграф 118 долу) согласно законот. На 17 јуни 2009 г. Комисијата за извршување на казни (види параграф 121 долу) поднесе предлог до Регионалниот суд во Стара Загора да го стави г-динот Харакчиев под „посебен режим“ кој вообичаено се применувал за затвореници осудени со казна доживотен затвор, заради неговиот „негативен однос“ и отсуство на почит кон внатрешниот ред, како и фактот дека во секој случај требал да биде ставен под тој режим од самиот почеток. На 21 јули 2009 г. Регионалниот суд во Стара Загора го прифатил предлогот. Г-динот Харакчиев правно ја оспорил таа одлука со поднесок поднесен на 12 јули 2010 г. кој бил одбиен од Регионалниот суд на Стара Загора и Апелациониот суд на Пловдив како застарен. Владата се изјасни дека во моментов затворските власти не планираат да прават никакви дополнителни измени во затворскиот режим на г-динот Харакчиев .
13. Меѓу декември 2005 г. и март 2013 г. г-динот Харакчиев добил девет дисциплински казни. Последните такви казни се од август 2012 г. и март 2013 г., а му биле изречени заради (а) тепачка меѓу него и друг затвореник за време на дневната прошетка утрото на 4 август 2012 г. и (б) кражба на 18 февруари 2013 г. на храна која друг затвореник ја оставил во заедничкиот тоалет. За првото, г-динот Харакчиев бил опоменат, а за второто бил ставен три дена во изолација во дисциплинска ќелија.
14. Ќелијата на г-динот Харакчиев – во која се наоѓа во моментов и која наводно ја делел со друг затвореник меѓу 2002 и 2007 г. – е во затвореното затворско крило, резервирано за затвореници со казна доживотен затвор. Според г-динот Харакчиев ќелијата била доста мала, особено со оглед на фактот дека само мебелот зафаќал 4.50 квадратни метри, а била осветлена навечер со обична сијалица од 60 вати која постојано била вклучена. Според Владата ќелијата не била помала од пропишаното. Таа била 4,30 х 1,81 квадратни метри и 3,95 метри висока, со вкупна површина од 7,78 метри квадратни. Во неа имало метален шкаф, метален кревет на кат, две столици и мала маса и сите тие биле прицврстени за подот од безбедносни причини. Имала прозорец кој гледал на југ со големина 1,76 х 1,25 метри. Вештачкото осветлување во ќелијата се состоело од две луминисцентни сијалици од 36-watt. Според г-динот Харакчиев, обичните сијалиците со јаглеродно влакно биле заменети со луминисцентни сијалици дури во 2012 г. Тој исто така посочил дека ќелијата немала никакво ноќно осветлување со мал интензитет.
15. Затворот во Стара Загора нема систем за вентилација и климатизација. Г-динот Харакчиев тврдел дека како резултат на тоа температурите во неговата ќелија во лето биле многу високи и немало никаков свеж воздух. Во зима греењето било вклучено само по еден час наутро, на пладне и навечер. Според Владата прозорецот од ќелијата можел да се отвори што овозможувало ќелијата да се проветрува во секое време. Затворот имал сопствено греење со два котли и изменувач на топлина. Котлите работеле по девет часа дневно но водата што ја топлеле циркулирала по инсталацијата за парно греење постојано. Според г-динот Харакчиев радијаторот во неговата ќелија бил жежок само триесет минути секој ден, а лошата состојба во која се наоѓал прозорецот во ќелијата и металната врата биле фактори кои придонесувале за ниската температура во ќелијата во зима. Г-динот Харакчиев исто така изјавил дека облеката морал да си ја суши во ќелијата поради што било многу влажно. Како резултат на тоа боја и малтер се лупеле од ѕидовите.
16. Според г-динот Харакчиев заедничките простории во затворот се одржувале само со варосување, а ќелиите биле чистени само со вода. Како поткрепа на ова тврдење г-динот Харакчиев имаше сведочење на еден од неговите цимери-затвореници дадено за време на постапка покрената од него. Според Владата заедничките простории во затворот не биле само варосувани. Тие секојдневно биле чистени со детергент, а најмалку двапати годишно биле третирани за штетници и стаорци, како што можело да се види од четиринаесетте фактури за такви услуги наплатени во последните четири години. Г-динот Харакчиев одговори дека тие фактури не докажувале дека детергентите навистина биле користени како што тврдела Владата. Тој исто така тврдеше дека во неговата ќелија постојано имало лебарки и глувци, и дека сите негови поплаки до затворската управа во врска со ова останале неодговорени. Тој исто така тврдеше дека со оглед дека прозорецот на неговата ќелија не бил покриен со мрежа постојано му влегувале инсекти привлечени од мирисот на измет и постојано вклученото светло навечер и го касале.
17. Во ќелијата нема тоалет и чешма. Г-динот Харакчиев се изјасни дека како резултат на тоа покрај трите дневни посети на заедничките тоалети тој морал да користи пластична кофа за да се олесни. Во периодот кога морал да ја дели својата ќелија со друг затвореник морал тоа да го прави во негово присуство. Заради тоа што немало чешма не можел да ги мие рацете или кофата откако ќе се олеснел. Владата посочи дека тоалетот и бањата во затвореното одделение им биле достапни на затворениците трипати на ден, како и кога ќе побарале од стражарите. Затоа не можело да се каже дека г-динот Харакчиев бил присилен да користи кофа за да се олесни; тоа било негов избор. Имено тој имал повеќе од десет кофи во неговата ќелија во кои чувал облека, алишта за перење и други предмети. Г-динот Харакчиев одговори дека покрај трите посети во текот на денот на тоалетот, меѓу 5.30 и 8 часот наутро стражарите никогаш не ја отворале неговата ќелија за да го пуштат да отиде во тоалет. Оттука не бил негов избор да користи кофа за своите санитарни потреби.
18. Покрај неговата прошетка во времетраење од еден час на ден, г-динот Харакчиев можел да излезе од ќелијата и да оди во тоалет трипати на ден. За време на тие посети можел да ја испразни кофата, да ги измие рацете и да наполни пластични шишиња со вода за пиење и за санитарни потреби. Според него, посетите на тоалетот траеле не повеќе од три минути наутро и не повеќе од десет минути на ручек и навечер и не се поклопувале со посетите на другите затвореници во единицата.
19. Според г-динот Харакчиев затворениците во Затворот Стара Загора можеле да се тушираат само по еднаш на секои четиринаесет или петнаесет дена. Според Владата сите затвореници во затвореното одделение во затворот се туширале двапати неделно.
20. Според г-динот Харакчиев посетите од роднини или адвокати се одржувале во посебна просторија. Затворениците и посетителите биле разделени со мрежа од жица и затворениците морале да седат. Затворски стражар постојано бил присутен. Според Владата затворскиот стражар бил присутен за време на посетите само за да обезбеди ред и не можел да ги слуша разговорите. Посетите од адвокати се одржувале во посебна просторија во која не бил никој друг присутен. Единствената форма на контрола таму бил визуелниот надзор. Во тој контекст Владата упати на фактот дека како резултат на многуте жалби од негова страна против затворските власти до средината на 2009 г. г-динот Харакчиев поминал 97 дена надвор од Затворот на Стара Загора, а меѓу 1 јануари 2010 и 18 мај 2012 година поминал 255 дена или 54 проценти од времето надвор од затворот.
21. Според г-динот Харакчиев храната во затворот била лошо зготвена, со лош квалитет, безвкусна, била служена оладена и во лоши хигиенски услови и во недоволно количество. Месо служеле еднаш неделно. Остатокот од времето добивале грав, леќа, зелка и компири послужени како супа или чорба. Според Владата количеството и хемиската и калоричната содржина на храната биле во целост адекватни. Дневната порција имала 2.662 калории и месото било присутно во оброците најмалку еднаш на ден. Г-динот Харакчиев одговори дека под „месо“ реално подразбирале сварени коски или месо од конзерва. Обете странки поднесоа менија и табели во поткрепа на своите тврдења.
22. Според г-динот Харакчиев здравствената заштита во затворот во Стара Загора се состоела од рутинско давање на аспирин или аналгин на затворениците, а затворениците самите морале да си ги купуваат сите останати лекови. Според Владата, затворската амбуланта имала општ лекар, три медицински техничари (еден за главната затворска зграда и по еден за двете посебни затворски згради каде што биле спалните), медицинска сестра, психијатар и стоматолог. Лекарски прегледи биле вршени секојдневно, а во итни случаи затворениците биле носени во ургентниот центар во Болницата во Стара Загора. Лекарските прегледи во затвореното одделение вообичаено се вршеле секој петок. Затворениците исто така можеле да бидат прегледани од специјалист од надвор или да бидат лекувани во затворските болници во Софија и Ловеч. Лековите вообичаено биле обезбедувани од затворската амбуланта или можеле да се добијат од надвор од затворот. Единствениот лек што г-динот Харакчиев сам го набавил, бидејќи го немало во амбулантата, бил Ривотрил (clonazepam), којшто чинел 7,31 бугарски лева. Г-динот Харакчиев одговори, без многу детали, дека редовно морал сам да си купува лекови. Исто така изјави дека неговата стоматолошка нега се состоела од чисто вадење на заби; и покрај очигледната потреба да му се обезбедат забни протези, затворските власти не презеле ништо во оваа насока. Владата одговорила дека забните протези не биле дел од стандардната здравствена нега која била покриена со здравственото осигурување во Бугарија и не можеле да му бидат обезбедени бесплатно.
23. Владата исто така тврдеше дека г-динот Харакчиев секојдневно можел да се гледа со социјалниот инспектор во неговото одделение. Можел да побара да се види со психологот, директорот или заменикот директор на затворот, затворскиот правник или некој друг припадник на затворскиот персонал. Тој исто така можел да се дружи со другите затвореници од иста категорија за време на дневните прошетки и за време на оброците. Исто така имал пристап до кабелска телевизија со педесет канали, затворската библиотека и верски служби. Од своја страна г-динот Харакчиев изјави дека и покрај изразената желба не добил можност да работи или да учествува во некакви спортски, културни или образовни активности. Владата тврдеше понатаму дека во ноември 2006 г. на г-динот Харакчиев му било дозволено да се вклучи во курс по јога за да го намали стресот.
24. Годишната психолошка оценка на г-динот Харакчиев за 2009, 2010, 2011 и 2013 година поднесени од Владаат се многу слични. Во сите од нив се користи ист јазик и се вели дека неговото однесување се карактеризирало од „кампањата што ја изградил“ против институциите и затворските службеници со кои имал контакт, а кои главно се сведувале на покренување различни правни постапки и поттикнување на други затвореници да даваат „лажни докази“ во негова корист. Дијалогот со него бил многу тежок, главно заради отсуството на почит кон власта од негова страна, акутна свест за неговите сопствени права, тврдоглавост и тенденција да ги повикува засегнатите службеници да презентираат докази во случаите што ги покренувал против затворските власти. Ризикот од сериозна повреда бил висок со оглед на неговата личност, природата на неговите дела и ригидноста на неговото однесување. Тој бил вербално агресивен кон затворскиот персонал.
...
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Казна доживотен затвор
1. Историски белешки
51. Кривичниот закон од 1896 г. којшто е првиот сеопфатен кривичен закон усвоен по обновувањето на Бугарија како независна држава во 1878 г., имал одредби за казната доживотен затвор како вид на казна на лишување од слобода (член 15(1)). Лицата казнети со казна доживотен затвор можеле да бидат ослободени во случај на „добро однесување“ доколку издржале најмалку 15 години од својата казна (член 20(1) и (3)).
52. Кривичниот законик од 1951 г., кој го заменил Законот од 1896 и во 1956 г. бил преименуван во Кривичен законик и немал одредби за казната доживотен затвор како форма на казнување.
2. Системот за изрекување на казни согласно Кривичниот законик од 1968 година
53. Членот 36 од Кривичниот законик од 1968 г., којшто го заменил Кривичниот законик од 1956 г., ги дефинира целите на кривичната постапка. Ставот 1 предвидува дека казната се изрекува со цел да се (a) реформира осуденото лице и за негова или нејзина рехабилитација со цел да се придржува кон законот и добриот морал; (б) одвраќање и спречување на осуденото лице повторно да не изврши кривични дела; и (в) предупредување и одвраќање на други припадници на општеството. Ставот 2 вели дека казната не може да има за цел да предизвика физичко страдање или понижување на човековото достоинство.
54. Различните кривични казни се наведени во членот 37 од Законикот, а членовите 38-52 ги посочуваат карактеристиките на тие казни. До 1986 г. најдолгата можна казна на лишување од слобода била дваесет години казна затвор (членот 39 §§ 2 и 3 од Законикот, согласно формулацијата меѓу 1968 и 1986). Во 1986 максималната казна била зголемена на триесет години казна затвор.
55. Согласно членовите 37 § 2 и 38 од Законикот, согласно формулацијата пред укинувањето на смртната казна во декември 1998 г., судовите можеле да изречат смртна казна само за одредени сериозни кривични дела извршени со умисла и само доколку се сметало дека целите на казнувањето и одвраќањето на кривичната казна не би можеле да се постигнат со поблага казна. Согласно членот 38 § 4 од Законикот смртната казна не можела да се спроведе додека Претседателот на Републиката не ја разгледал можноста за нејзина замена со друга.
56. До 1995 г. најстрогата казна по смртната казна била казна затвор до триесет години во исклучителни случаи (член 39 § 2 од Законикот, согласно формулацијата по 1986). Во 1995 г. била воведена нова казна: казна доживотен затвор (доживотен затвор), дефинирана со новододадениот член 38a § 1 од Законикот како „затворање на осуденото лице во затворска установа до крајот на неговиот живот“. Таа казна можела да биде заменета од страна на суд со казна затвор од триесет години откако осуденото лице ќе издржало најмалку дваесет години (член 38a § 3 од Законикот).
57. Последните егзекуции на лица казнети со смрт биле извршени во ноември 1989 г. По период на де факто мораториум на егзекуциите, на 20 јули 1990 г. Парламентот наметнал формален мораториум. За повеќе детали по ова прашање и за дебатите до кои дошло во врска со укинувањето на смртната казна, види Јоргов против Бугарија (Iorgov v. Bulgaria (no. 40653/98, §§ 12-28, 11 March 2004)).
58. Смртната казна била укината со одлука која станала правосилна на 27 декември 1998 г. Истовремено била воведена нова казна: казна доживотен затвор без право на замена (доживотен затвор без замяна). Оваа казна ја заменила смртната казна во одредбите од Кривичниот законик од 1968 г. кои се занимавале со специфични дела.
59. Членот 37 § 2 од Законикот, согласно формулацијата после измените и дополнувањата, гласи вака:
„Најсериозните кривични дека кои се закануваат против темелите на Републиката, како и други особено тешки кривични дела со умисла под одредени услови и како исклучоци ќе се казнуваат со казна доживотен затвор без право на замена.“
60. Членот 38 од Законикот, согласно формулацијата после измените и дополнувањата, гласи вака:
„1. Ќе се изрече казна доживотен затвор без право на замена ... само ако делото во прашање е особено сериозно и целите [на казната] дадени во членот 36 не можат да се постигнат со поблага казна.
2. Казна доживотен затвор без право на замена не може да се изрече за лице кое во времето на извршување на делото било помладо од дваесет години или кога се работи за лица кои служат во вооружените сили или за време на војна, осумнаесет години. Казна доживотен затвор без право на замена не може да ѝ се изрече на жена која била трудна во времето на извршување на делото или е трудна во времето кога се изрекува казната.“
61. Релевантниот дел од образложението на овој закон со кој се изменува и дополнува Законикот го вели следново:
„Целта на Законот е да се замени смртната казна со нова казна: казна доживотен затвор без право на замена, која се разликува од казната доживотен затвор. Оваа казна ќе го отстрани затвореникот од општеството, ќе го лиши од можноста да изврши нови кривични дела, а казната ќе има ефект на делување на други идни сторители на дела.“
62. Парламентарната дебата по законот се одржала на 27 ноември 1998 г. (прво читање) и на 10 декември 1998 г. (второ читање):
63. Во текот на првата од тие дебати, повеќе парламентарци зборувале во корист на укинувањето на смртната казна. Истовремено, еден парламентарец рекол дека тој би го поддржал тој предлог доколку бил проследен со воведување на доживотен затвор без право на замена. Сомнежи биле изразени дека како компромис на тоа што казната не можела да се смени можело да се искористи овластувањето на Претседателот да даде помилување. Друг член на Парламентот посочил дека тешко дека може да се смета дека јавноста го поддржува укинувањето и дека општеството морало да биде сигурно дека оние што ќе биле спасени од смртната казна ќе биле целосно изолирани од него. Од своја страна, министерот за правда презел обврска значително да ја измени законската регулатива во врска со извршувањето на казните со став да се изолираат оние што се казнети со казна доживотен затвор без право на замена и со тоа да се спречат од повторување на делата во затвор или да уживаат лагоден живот. Тој понатаму рекол дека нивото на таа изолација ќе треба да се одмери внимателно, за да не бидат прекршени човековите права на засегнатите лица.
64. Во текот на втората од овие дебати, еден парламентарец забележал дека би било парадоксално да постојат два вида на казна доживотен затвор, но дека тој би можел да го прифати тоа како привремена состојба. Понатаму кажал дека според него претседателското овластување да даде помилување не можело да се ограничи со закон. Меѓутоа друг член на Парламентот рекол дека работите морале така да се уредат, дури и ако е потребно да се ограничи опсегот на претседателските овластувања во делот на помилувањето, за да се спречат оние кои биле осудени на смрт, по измената, еден дон да бидат ослободени. Друг парламентарец го изразил ставот дека самата формулација на новите одредби од Законикот би ја спречила примената на претседателското овластување да даде помилување за лица кои служат казна доживотен затвор без право на замена.
65. Соодветно на тоа од укинувањето на смртната казна Законикот имал предвидено три вида на казни со лишување од слобода: казна затвор на определен временски период до триесет години, казна доживотен затвор со можност за замена на казната, и казна доживотен затвор без можност за замена на казната. Не постои дело кое се казнува исклучиво со казна доживотен затвор без право на замена.
66. Со два укази од 25 јануари и 6 март 1999 г. потпретседателот на Републиката ги заменил сите смртни казни кои бил правосилни, но не биле извршени или со казна доживотен затвор (во еден случај) или со казна доживотен затвор без право на замена (во дваесет и еден случај).
3. Системот на изрекување казни во новиот нацрт на Кривичниот законик.
67. На 31 јануари 2014 г. Владата пред Парламентот поднесла нацрт Кривичен законик чија цел била да го замени Кривичниот законик од 1968 г. Тој нацрт Законик не предвидува казна доживотен затвор без право на замена; има одредби само за казна доживотен затвор. Релевантниот дел од нацртот го вели следново:
Член 47 – Видови на казни
“1. ...
2. Посебно сериозни дела со умисла се казнуваат со казна доживотен затвор.“
Член 48 - Казна доживотен затвор
„1. Казната доживотен затвор се состои од изолација на осуденикот до крајот на неговиот живот во затворска установа.
2. Казната доживотен затвор ќе биде изречена кога делото е особено сериозно споредено со делата од ист вид и целите на казната не можат да се постигнат со поблага казна.
3. Казната доживотен затвор не се изрекува за
(1) Лице кое било помладо од дваесет години во моментот кога го извршил делото;
(2) Жена која била бремена во моментот кога го извршила делото или е бремена во моментот кога се изрекува казната.“
Член 49 – Замена на казна доживотен затвор со казна затвор на определен рок
„1. Преостанатиот дел од казната доживотен затвор може да биде заменет со петнаесет години казна затвор доколку осуденото лице издржало не помалку од петнаесет години и со своето однесување докажал дека се рехабилитира.
2. ...
3. Времетраењето на казната затвор согласно ставот 1 треба да се издржи посебно од казна доживотен затвор која веќе ја служел.“
68. Образложението приложено со нацрт Законикот го вели следново во однос на казна доживотен затвор (на стр. 8):
„Казнувањето со казна доживотен затвор без право на замена ќе се укине бидејќи во моментов на неа се гледа како на премногу нечовечна со оглед на отсуството на секаква надеж за лицата кои добиле таква казна.
Од друга страна се предлага да се задржи казната доживотен затвор со можност за замена. Случаите во кои постои веројатност истата да биде изречена се ограничени заради особената строгост на оваа казна. Оваа казна ќе биде изречена само кога делото е особено сериозно споредено со делата од ист вид и целите на казната не можат да се постигнат со поблага казна. Од хуманитарни причини се предвидува дека казната не може да биде изречена на лица кое биле помлади од дваесет години во моментот кога го извршиле делото или на жени кои биле бремени во моментот кога го извршиле делото или се бремени во моментот кога им се изрекува казната.“
69. Парламентот сè уште нема дебатирано по овој нацрт.
Б. Помилување и прилагодување на казната и нивната применливост кај казната доживотен затвор без право на замена
1.Условен отпуст
70. Согласно членот 70 § 1 од Кривичниот законик од 1968 условниот отпуст се применува само за казните затвор на определен период. Сторителите на кривични дела осудени на казна доживотен затвор без право на замена или казна доживотен затвор со право на замена немаат право на условен отпуст.
2. Замена на казната со судска одлука
71. Законот за кривична постапка од 1974 г. и Законот за кривична постапка од 2005 г. предвидуваат дека регионалниот суд може, на барање на регионалниот јавен обвинител, да ја замени казната доживотен затвор со казна затвор на определен период (членовите 427 и 428 од Законикот од 1974 г. и членовите 449 и 450 од Законикот од 2005 г.). Регионалниот суд одлучува со образложена одлука; негативната одлука може да се оспори пред повисок суд. Доколку предлогот на јавниот обвинител е одбиен, ново барање за замена на казната не може да се поднесе во наредните две години. Законската регулатива нема одредби за јавниот обвинител да бара прилагодување на казната на лица осудени на казна доживотен затвор без право на замена.
3. Помилување од Претседателот
(а) Законска рамка
(i) Уставни и законски одредби
72. Согласно членот 98, точка 11 од Уставот од 1991 г., кој стапи на сила на 13 јули 1991 г., овластувањето за помилување е прерогатив на Претседателот на Републиката.
73. Во тоа време членот 74 од Кривичниот законик од 1968 г., кој го утврдувал опсегот на ова овластување на претседателот, гласел:
„Претседателот може да го искористи своето овластување за помилување и да даде помилување во однос на целата или дел од казната, а во случај на смртна казна, да даде помилување или да ја замени казната.“
74. Членот 74 од Законикот бил изменет и како таков стапил на сила на 13 октомври 2006 г. со што Претседателот овластувањата што ги имал во однос на смртната казна можел да ги примени и за казна доживотен затвор со или без право на замена.
75. Ова е дискреционо право кое Претседателот уште од 1991 г. традиционално му го префрла на потпретседател на државата согласно членот 104 од Уставот од 1991 г. Неговата примена не подложи на ревизија од страна на обичните судови (види опр. № 2429 от 20 февруари 2012 г. по адм. д. № 817/2012 г., ВАС, ІІІ о.)
(ii) Одлука на Уставниот суд бр. 6 од 2012
76. Во својата одлука бр. 6 од 11 април 2012 г. (реш. № 6 от 11 април 2012 г. к. д. № 3/2012 г., обн., ДВ, бр. 15 от 2012 г.) по поднесокот од шеесет и еден член на Парламентот, Уставниот суд издал обврзувачко толкување на членот 98, точка 11 од Уставот од 1991 г. (види параграф 72 горе) и ја прогласил за неуставна, како ultra vires и спротивна на начелото на поделба на власта, одлуката на Парламентот од 15 февруари 2012 г. за формирање на ад хок комисија со мандат да спроведе истрага меѓу другото за начинот на кој поранешниот претседател и потпретседател го применувале своето овластување за помилување за време на своите два мандата во периодот меѓу 22 јануари 2002 до 22 јануари 2012 г. (види параграф 89 долу). Судот објаснил дека претседателското овластување за помилување согласно таа одредба во денешно време било еквивалент на кралскиот прерогатив на милост и се засновало на начелото на човечност. Од тие причини не можело да се врзи за одредени основи, туку требало да се врши или од страна Претседателот – или со делегирање на овластувањето од страна на потпретседателот врз основа на специфичните околности на секој случај. Од време на време можело да се примени кога казната ќе станела правосилна, и можела да содржи целосна или делумна замена на казната или нејзина замена со помалку строга казна. Тоа не ја повредувала независноста на судството, бидејќи не вклучувало ослободување на лица од кривична одговорност туку чисто ослободување на тоа лице од служење на казната изречена од кривичните судови. Било дозволено да се утврди начинот на остварување на ова овластување во закон, но не било дозволено за Парламентот да ги дефинира или ограничи основите врз основа на кои ќе се остварувало или да се обиде да влијае на причините за неговата примена. Ниту пак било допуштено да се ограничат сите видови на казни во однос на кои овластувањето би можело да се оствари или да се исклучи одредена класа на осудени лица од својот опсег.
77. Овластувањето за помилување кое на некој начин е исклучок од начелото на еднаквост пред законот се заснова на потребата да се стават во сила повисоките уставни вредности кои не можат да се заштитат по пат на апстрактни законски правила. Затоа е имплицитно наведено во Уставот дека овластувањето морало да се примени на начин кој не бил своеволен, и подложел на обврската да се поттикнат уставните вредности и принципи. Следело дека Уставот барал при остварувањето на ова овластување претседателот да ги земе во предвид еднаквоста, човештвото, сочувствувањето, милоста и здравјето и семејната состојба на осудениците. Во случаите кога остварувањето на овластувањето за помилување не се однесувало на целата казна туку на дел од неа, многу било важно да се земат во предвид сите позитивни промени кај личноста на осуденото лице. Претседателот немал обврска да даде образложение: колку што било недопустливо за законодавецот да го ограничи неговото или нејзиното овластување за помилување во секој случај, подеднакво е недопустливо да се бара од него или неа да даде образложение. Навистина, доколку било дадено образложение за указите за помилување тие би можеле да го обврзат претседателот или заменикот претседател да одобрува во иднина барања за помилување доколку тие се однесувале на идентични околности и ќе ги навело осудениците да веруваат дека имаат право на помилување бидејќи ги задоволуваат условите поставени со претходните укази за помилување.
78. Истовремено, Претседателот имал обврска да го почитува правото на сите на еднаквост пред законот. Затоа било неопходно да се воспостават широки гаранции дека претседателот ќе ги разгледа сите барања за помилување на ист начин и дека ќе ги примени истите критериуми за сите нив. Природно, тие критериуми не можеле да бидат наметнати врз претседателот од страна на законодавецот бидејќи тоа ќе му противречело на начелото на поделба на власта. Меѓутоа Претседателот бил во положба да го воспостави начинот на кој тој или таа ќе го остварел овластувањето за помилување и општите критериуми кои ќе го водат него или неа во таа смисла. Таквата политика ќе го направи практичното остварување на тоа овластување транспарентно и стабилно. Оттука било можно за претседателот или потпретседателот да ги објават на самиот почеток на својот мандат, критериумите коишто ќе ги следат при разгледувањето на барањата за помилување.
79. Претседателот може во секое време – или на почетокот на мандатот или подоцна – да го делегира овластувањето за помилување на потпретседателот којшто може да го оствари на ист начин како и претседателот. Делегираното овластување може да биде повлечено во секое време, и не го спречува претседателот самиот да го оствари делегираното овластување. Во случај на повторен избор на претседател и потпретседател за втор мандат, делегирањето на овластувањето од првиот мандат и понатаму важи и нема потреба да се обновува.
80. Указите за претседателско помилување нема потреба да бидат потпишани и од владин министер. Тие стапуваат на сила кога ќе бидат потпишани и не можат да бидат ревидирани од некој друг орган. Ниту пак можат да бидат повлечени или да се менуваат од страна на Претседателот откако ќе ја остварат својата цел. Во тој случај помилувањето, откако ќе се додели, било неотповикливо, а од лицето кое имало корист од тоа не можело да се очекува да продолжи да ја издржува својата казна заради последователно однесување. И помилувањето, било да е целосно или делумно, и не можело да подложи на услови.
81. Немало никакви уставни барања указите за помилување да бидат објавени во Службен весник. Одлуката дали тие укази требале да бидат објавени зависело од деликатната рамнотежа која требала да се постигне меѓу приватниот живот, личните податоци и достоинство на лицето кое имало корист од актот на помилување и правото на јавноста да биде информирана за начинот на кој властите се справувале со прашањата од јавен интерес. Праксата од претходните дваесет години била да не се објавуваат указите за помилување освен ако засегнатото лице не се согласело истата да биде објавена. Меѓутоа, немало никаква пречка за се бара истите да бидат објавени. Тоа било нешто за што требал да одлучи законодавецот.
82. Указите за помилување како и сите други претседателски и потпретседателски укази не биле управни одлуки и не можеле да се изедначат со нив. Оттука тие не подложеле на судско ревидирање и можеле да бидат оспорени само врз основа на неуставноста, согласно членот 149 § 1 (2) од Уставот, пред Уставниот суд, од кој бил друг орган или лица кои имаат право да иницираат постапки пред судот согласно членот 150 од Уставот: една петтина од 240 членови на Парламентот, Претседателот, Советот на министри, Врховниот касационен суд, Врховниот управен суд и Главното обвинителство.
83. Три уставни судии со мислење на делумно несогласување рекле, меѓу другото, дека не било недопустливо да се бара од Претседателот со закон да даде образложение за своите укази за помилување. Навистина, таквите причини би покажале дека тие укази не биле своеволни и во голема мерка ќе го олеснат нивното ревидирање од страна на Уставниот суд.
(б) Остварување на овластувањето во периодот 2002-12
84. Претходните претседател и потпретседател отслужиле два мандати, првиот од 22 јануари 2002 г. и 22 јануари 2007 г. а вториот меѓу 22 јануари 2007 г. и 22 јануари 2012 г.
85. Меѓу 1 јануари 2002 г. и 31 декември 2009 г. потпретседателот добил 6.967 барања за помилување од кои одобрил 477.
86. Во пракса комисија на функционери од претседателската администрација ги разгледувале барањата за помилување и давале предлози до потпретседателот. При градењето на мислење во секој случај комисијата го земала во предвид ставот на правните советници на претседателот за кривична политика и се потпирале на информациите за осуденото лице добиени од затворската управа. Пред да се постигне одлука потпретседателот исто така можел да го интервјуира затвореникот.
87. Според извештајот од генералниот директор на Затворската управа од 15 септември 2009 г. околу 100 барања за помилување биле поднесени до потпретседателот од страна на затвореници кои служеле казна доживотен затвор без право на замена; ниедно не било одобрено. Според шефот на Кабинетот на потпретседателот, меѓу 21 јануари 2002 г. и 7 септември 2009 г. советодавната комисија добиле дваесет и девет барања за помилување од шеснаесет лица казнети со казна доживотен затвор без право на замена; ниедно од нив не било одобрено. Тој понатаму објаснил дека потпретседателот немал обврска да даде образложение за причините за одбивањето, но дека засегнатите затвореници можеле повторно да поднесат барање за помилување без ограничување. Во извештај објавен во април 2010 г. Бугарскиот хелсиншки комитет исто така ја имале споменато оваа информација и понатаму посочиле дека истражувањето покажало дека дури и пред 2002 г. ниедно лице кое служело казна доживотен затвор без право на замена не добило претседателско помилување (види параграфи 175 долу).
88. Жалителите поднеле четири писма со датум од 27 јуни 2006 г., 29 ноември 2007 г. и 17 февруари 2011 г., во кои претседателската администрација ги информирала двајца затвореници кои издржувале казна доживотен затвор под еднакви услови дека нивното „барање за помилување било соодветно разгледано и одбиено“. Писмата не содржеле никакви дополнителни детали.
(в) Одлука на Парламентот од 15 февруари 2012 г. за формирање на ад хок комисија за разгледување на начинот на остварување на претседателското овластување за помилување за периодот меѓу 22 јануари 2002 г. и 22 јануари 2012 г.
89. На 15 февруари 2012 г. Парламентот одлучил да формира ад хок комисија со мандат да спроведе истрага, меѓу другото, за начинот на кој поранешните претседател и потпретседател го остварувале своето овластување за помилување во текот на своите два мандати од 22 јануари 2002 г. до 22 јануари 2012 г. (види параграф 84 горе). Наскоро после тоа, на 11 април 2012 г. Уставниот суд ја прогласил таа одлука за неуставна како ultra vires и спротивна на начелото на поделба на власта (види параграф 76 горе). Како одговор на 16 мај 2012 г. Парламентот одлучил да формира ад хок комисија со мандат да спроведе истрага, меѓу другото, за тоа како службените претставници од различни извршни сектори ги оствариле своите обврски во врска со тоа прашање. Во својот извештај на 1 ноември 2012 г. Комисијата меѓу другото заклучила дека поранешниот потпретседател на кој претседателот му го делегирал овластувањето за помилување бил советуван од специјална комисија. Праксата на таа комисија била да добие информации од директорот на затворот, затворскиот лекар и психологот, вклучително и психолошка проценка за затворениците кои побарале помилување (види параграфи 85-88 горе). Меѓутоа, било невозможно да се каже дали сите информации во личното досие на затворениците во целост биле отсликани во податоците поднесени до Комисијата. Исто така било важно да се посочи дека претседателската администрација која ги презела работите во јануари 2012 г. во голема мерка го зголемила нивото на транспарентност на системот на помилување (види исто така параграфи 90-107 горе). Комисијата понатаму забележала дека немало законски критериуми за проценка на однесувањето или психолошкиот профил на осуденото лице кое поднело барање за претседателско помилување. Како резултат на тоа обезбедувањето на информации во врска со тоа во целост било во рамките на дискрецијата на надлежните функционери. Оттука било неопходно законски да се уреди таа точка, и да се воведе законска обврска за објавување на указите за претседателско помилување. Праксата на актуелната претседателска администрација да објавува извештаи била во целост соодветна, но тоа не можело да ги обврзува идните претседателски администрации.
(г) Практикувањето претседателското овластувањето да даде помилување во периодот 2012-13
(i) Интерен деловник
90. Со два укази од 23 јануари 2012 г. новоизбраниот претседател, кој стапил на должност претходниот ден, одлучил, како и неговите претходници, да го делегираат ова овластување за помилување на потпретседателот. Тој исто така формирал и Комисија за помилување која требала да го советува потпретседателот во неговото остварување на ова овластување, и воспоставил деловник за работата на Комисијата.
91. Правилото 1(3) од овој Деловник предвидува дека Комисијата во својата работа мора меѓу другото да ја земе во предвид релевантната судска пракса на меѓународните судови и други тела при толкувањето и примената на меѓународните инструменти за човекови права кои важат за Бугарија. Комисијата се состанува два пати месечно (Правило 5(2)). Секое барање за помилување се доделува на еден член на Комисијата кој треба да поднесе извештај до неа (Правило 4(1)(1)) во рок од две недели (Правило 6). Одлуките се носат со мнозинство гласови, при што претседателот на Комисијата има пресуден глас во случај на нерешено (Правило 5(4)). Претседателот на Комисијата потоа го информира потпретседателот за препораките на Комисијата (правило 4(1)(5)). Затворениците кои побарале помилување мораат да бидат информирани на писмено за одлуката на потпретседателот и на секои три месеци Комисијата мора да објави извештај за своите активности.
(ii) Работата на Комисијата за помилување во текот на 2012 г.
92. Во пракса во текот на 2012 г. Комисијата за помилување објавувала сеопфатни месечни извештаи.
93. На 24 јануари 2013 г. Комисијата го објавила својот прв годишен извештај, кој бил одобрен од потпретседателот. Се работи за сеопфатен документ кој содржи информации за активностите на Комисијата во текот на 2012 г., аналитички информации за видовите на основ на кои барањата за помилување поднесени во текот на годината биле засновани, статистички податоци, пристапот на Комисијата при проверката на барањата за помилување, видовите на исход предложени од Комисијата (неразгледување на барањето, одбивање или целосно или делумно помилување), и заклучоците и препораките на Комисијата.
94. Според извештајот, во 2012 г. 840 лица поднеле 988 барања за претседателско помилување. Шеесет и петмина од нив поднеле повеќе од едно барање. Поголемото мнозинство од барањата (98%) поднесени од затвореници (наспроти членови на нивните семејства) се базирале на една или комбинација од следниве причини: 34% на односот на осуденикот кон своето дело, при што некои од затворениците изразиле жалење, а други барале оправдување за своите дела или ја оспорувале правилноста на нивната пресуда или казни; 18% на рехабилитацијата на осуденикот после затворањето; 48% на хуманитарни основи (семејни проблеми, потреба да се грижат за деца или постари членови на семејството, потреба финансиски да го помогнат семејството, потреба да бидат обединети со семејството, болест, старост); и 7% се обидувале да ги прикажат затворениците како жртви на затворот, судовите или системот, при што некои барања посочувале негативни последици од престојот во затвор или неможноста за нивен личен развој во затворот. Преостанатите 2% од барањата не посочувале никаков конкретен основ. Само четири барања не биле поднесени од самите осуденици туку од правен застапник.
95. Во 2012 г. Комисијата одржала триесет и три сесии за разгледување на барањата, три до пет пати месечно.
96. Праксата на Комисијата се засновала врз идејата дека помилувањето претставувало дополнително средство за намалување на казната и се применувало само во ситуации во кои немало никакви други средства за олеснување на сузбивањето на криминалот, и од друга страна, континуирано издржување на казната било морално неоправдано и против духот на правото заради околностите што се создавале после пресудата, состојбата на осуденото лице станала невообичаена, а континуираното издржување на казната не ги носело планираните бенефиции туку станувало непотребно репресивна и спротивна на хуманите цели на кривичната политика.
97. При разгледувањето на секое барање за помилување, Комисијата ја земала во предвид севкупноста на ситуацијата во која се наоѓал затвореникот: постоењето криминален модел на однесување и неговите карактеристики; сериозноста на делото; особеностите на криминалното опкружување; мотивите за делото; однесувањето по извршувањето на делото; криминалното досие, вклучително и правосилноста на други претходни кривични санкции; жртвите; колку време поминало од извршувањето на делото и времето кога пресудата и казната станале правосилни; некакви прекини во издржувањето на казната; делот од казната што веќе е издржан и начинот на кој бил издржан; перспективите на затвореникот за личен развој, вклучително и ризикот од повторување на делото; успешноста на процесот на рехабилитација; степенот до кој целите на казната биле остварени; достапноста до лица или институции кои можат да помогнат во ресоцијализацијата на затвореникот; здравствената состојба на затвореникот и нејзините последици по издржувањето на казната; семејната состојба на затвореникот и нејзините последици во однос на неговите или нејзините правни или морални обврски (здравствената состојба и возраста на членовите на семејството на затвореникот, или постоењето на бременост, мали деца или невработени членови на семејството); некакво промени по пресудата во смисла на укнување на некој закон или намалување на кривичната одговорност за делата за кои е осуден затвореникот; и достапноста до други средства за олеснување на сузбивањето на криминалот.
98. Комисијата на потпретседателот му предложила тројца затвореници да бидат помилувани.
99. Еден од нив бил педесет и осум годишен маж осуден на смрт во 1990 г. за убиство, нанесување на тешки телесни повреди и силување, чија смртна казна била заменета со казна доживотен затвор во 1999 г., по укинувањето на смртната казна во Бугарија (види параграф 58 горе). Во 2012 г. тој побарал неговата казна да биде заменете со казна доживотен затвор заради неговото покајување и добро однесување и нехуманоста на неговата казна. Комисијата забележала дека тој веќе бил во затвор дваесет и две години, од кои осумнаесет во самица, под „посебен режим“ кој се применувал за затвореници кои служеле казна доживотен затвор (види параграфи 115, 116, 118 и 121 долу). Комисијата го испитувала неговиот случај шест месеци и утврдила посебни околности – одржлива позитивна промена во неговата личност – поради што било неподносливо за него да продолжи да ја издржува казната доживотен затвор без право на замена. Промените биле недвосмислено утврдени врз основа на достапните документи, извештаите на експертите кои работеле со затвореникот во текот на целиот период додека бил во затвор, а Комисијата добила и посебен извештај од психологот и проценка заснована на низа различни методи за ризикот тој да го повтори делото. Сето тоа покажувало дека затвореникот многу се разликувал од другите затвореници кои служеле казна доживотен затвор или долги затворски казни. Неговата криминална склоност била заменета со сочувство за другите затвореници и размислување за делата што ги извршил. Профилот на затвореникот покажувал успешен казнено-поправен процес, што била реткост дури и за лица осудени за слични дела и казнети со многу пократки казни затвор од периодот што веќе го издржал. Овие фактори го ставиле надвор од опсегот на примената на членот 38 § 1 од Кривичниот законик од 1968 г. (види параграф 60 горе).
100. Комисијата смета дека замената на казната на затвореникот со казна доживотен затвор ќе послужи на целите на казнувањето и нема да го намали моралното осудување на неговите дела. Замената нема да е еднаква на простување на неговото криминално минато туку ќе претставува признавање на неговите напори за негово оддалечување од тоа минато. Ова исто така би покажало дека сите други лица осудени на казна доживотен затвор без право на замена би можеле да ја подобрат својата ситуација бидејќи нивните напори би биле препознаени во општеството, кое ќе продолжи да ги смета за свои членови. Конечно, замената на казната доживотен затвор без право на замена со казна доживотен затвор со право на замена не го зголемувал ризикот од повторување на делото.
101. Комисијата му предложила на потпретседателот за ја замени казната на затвореникот на 20 декември 2012 г., и потпретседателот се согласил со предлогот и го сторил тоа со указ на 21 јануари 2013 г.
102. На 11 февруари 2013 г. националниот дневен весник 24 Часа, објавил напис за затвореникот. Во написот меѓу другото се велело дека лицето кое му помогнало во неговото реформирање бил пензиониран затворски инспектор кој работел со него околу петнаесет години. Затвореникот на тој начин се убедил дека секој може да се смени доколку наиде на вистинските луѓе, и од тие причини им помагал на други затвореници.
(iii)Работата на Комисијата за помилување во текот на 2013 г.
103. Во текот на 2013 г. Комисијата за помилување продолжила да објавува месечни извештаи со статистички податоци и детални информации за причините кои биле во основата на предлозите за помилување што ги доставувала до потпретседателот. Според информациите на веб страницата на Комисијата, 419 лица поднеле 475 барања за помилување во 2013 г., а Комисијата му предложила на потпретседателот да помилува тројца затвореници. Добиле шест барања од лица кои служеле казна доживотен затвор без право на замена. Во својот извештај за периодот јули-август 2013 г. Комисијата рекла дека разгледале две од тие барања и препорачале истите да бидат одбиени бидејќи засегнатите лица не покажале доволен напредок во насока на рехабилитација.
104. Годишниот извештај на Комисијата за 2013 г. бил објавен во февруари 2014 г. Како и во извештајот на Комисијата за 2012 г. се работи за сеопфатен документ кој содржи информации за активностите на Комисијата во текот на 2013 г., аналитички информации за видовите на основ на кои барањата за помилување поднесени во текот на годината биле засновани, статистички податоци, пристапот на Комисијата кон проверка на барањата за помилување, видовите на исход предложени од Комисијата (неразгледување на барањето, одбивање или целосно или делумно помилување), и заклучоците и препораките на Комисијата.
105. Според извештајот во 2013 г. Комисијата разгледала 587 барања за помилување (грубо околу четириесет и пет месечно) поднесени од 420 лица. Сите дваесет и три од тие барања се однесувале на затвореници. 387 осудени лица ги поднеле барањата лично, во триесет и четири случаи барањата биле поднесени од блиски роднини, а во единаесет случаи од правни застапници. 31% од барањата се потпирале на наводни покајувања на осуденикот; 33% на наводната претерана строгост на казната, наводно непризнавање на реформираноста на осуденикот и наводно отсуство на можност за личен развој во затвор; 68% врз хуманитарни основи (старост, болест, потреба да се грижи за болни членови на семејството, сиромаштија, потреба да ги помогне членовите на семејството); 4% заради потврдена рехабилитација, работа во затворот, наводно добро однесување и фактот дека издржал повеќе од половина од казната; 16% заради наводно претерано голема казна, наводно претерано времетраење на кривичната постапка, наводни неправилности во осудителната пресуда, итн.; и 8% бидејќи наводно биле невини.
106. Во 2013 г. Комисијата одржала триесет и две сесии на кои ги разгледувала барањата.
107. Во 2013 г. Комисијата во целост се придржувала на својата претходна пракса и ги зела во предвид идентичните фактори (види параграф 97 горе) при разгледувањето на барањата за помилување. Таа му предложила на потпретседателот да помилува девет затвореници; до 21 јануари 2014 г. потпретседателот прифатил седум предлози, а одбил еден. Извештајот дава преглед на причините за секој од предлозите.
В. Општите начела во врска со условите во затворот
108. Членот 31 § 5 од Уставот од 1991 г. предвидува дека затворениците мораат да се држат во услови кои им овозможуваат да ги остварат своите основни права кои не им се ограничени заради природата на нивната казна.
109. Членот 8(2)(1) од Законот за извршување на казни од 1969 г. согласно формулацијата после јуни 2002 г. предвидува затворениците да бидат рехабилитирани меѓу другото со тоа што ќе им се обезбеди да бидат сместени во услови кои го штитат нивното физичко и ментално здравје и нивното човечко достоинство.
110. Членот 3(1) од Законот за извршување на казни и притвор од 2009 г., којшто го замени Законот од 1969 г. на 1 јуни 2009 г. предвидува дека затворениците не можат да бидат подложени на мачење или сурово или нечовечно постапување. Членот 3(2) ги дефинира мачењето и нечовечното и понижувачко постапување како (а) секое намерно делување или пропуст што предизвикува силна физичка болка или страдање, со исклучок на оние што произлегуваат од употребата на сила, помошни средства или огнено оружје кога тоа е дозволено со закон; (б) намерно сместување во лоши услови кога се лишени од слобода кои се состојат од недоволен простор за живеење, храна, облека, греење, светлина, вентилација, лекарска нега, можности за физичка вежба, продолжена изолација без човечки контакт или други погрешни дела или пропусти кои можат да му наштетат на здравјето на затвореникот; (в) понижувачко постапување со кое се намалува човековото достоинство на сторителот, истиот се присилува да изврши или трпи дејствија против неговата волја, или кај него поттикнува чувства на страв, ранливост и инфериорност. Членот 3(3) предвидува таквите дела или пропусти да ги вклучуваат и оние извршени од државен службеник или некое друго лице во рамките на истрагата или со одговорност, отворена или прикриена, на јавен функционер.
111. Членот 40(2)(1) предвидува затворениците да бидат рехабилитирани меѓу другото со тоа што ќе им се обезбеди да бидат сместени во услови кои го штитат нивното физичко и ментално здравје и нивното човечко достоинство.
112. Членот 90(6) ((5) пред 1 јануари 2013) предвидува затворениците да не можат да сносат дисциплинска одговорност за поднесување барања и жалби.
Г. Проценка на ризикот на затворениците
113. Членот 47(1) од Законот за извршување на казни и притвор од 2009 г. предвидува новодојдените затвореници да се сместат во приемно одделение каде треба да останат од две недели до месец дена. Во рок од два дена од пристигнувањето на затвореникот на тоа одделение затворската администрација треба да направи лично досие за него или неа (член 54(1) од Законот и правилото 31(1) од Правилникот за спроведување на законот, издаден на 2 февруари 2010 г.). Членот 55(2) од Законот предвидува пред затвореникот да го напушти одделението, социјалниот работник, лекарот и психологот кои работат во затворот да направат проценка на неговата личност, здравствена состојба и работоспособност, и да дадат препораки за групна или индивидуална работа со затвореникот. Правосилен од 1 јануари 2013 г., тој став бил изменет за да предвиди дека таа проценка мора да го опфати и ризикот од повторување на делото или штетата. Истовремено, нов став 3 бил додаден на членот 55 со кој се уредувало дека затворениците кои служеле доживотни казни затвор или казна затвор од повеќе од десет години, или затвореници чија проценка на ризик била „многу висока“ или „висока“ во сите случаи морале да се подложат на психолошка проценка. За другите затвореници, таквата проценка можела да се спроведе на барање на затворскиот инспектор за социјалните активности и повторното образование во затворот.
Д. Режимот за лицата осудени на казна доживотен затвор
1. Согласно Законот за извршување на казни од 1969 г.
114. До 1 јуни 2009 г. режимот за затворениците осудени на казна доживотен затвор бил уреден со членовите 127a-127д од Законот за извршување на казни од 1969 г., дополнет во 1995 г. кога казна доживотен затвор била воведена како форма на казнување (види параграф 56 горе), и од правилата за спроведување на тој Закон, објавени во 1990 г. и последователно изменет и дополнет неколку пати. По неговото изменување и дополнување кое стапило на сила во јуни 2002 г. Законот изречно предвидел дека лицата осудени на казна доживотен затвор без право на замена би биле сместени под истиот затворски режим како и оние што служеле казна доживотен затвор со право на замена.
115. Членот 127б(1) предвидувал кога ќе се изрече казна доживотен затвор дека Судот морал да нареди затвореникот да биде ставен под најстрогиот режим т.н. „посебен режим“. Другите затворски режими, кои се применувале за затворски казни на определен рок, биле „лесен“, „општ“ и „напреден“ режим (член 43(1)); спротивно од казна доживотен затвор, судот за изрекување казни имал одредено дискреционо право да утврди кој од нив да го наметне (член 51). Затворениците кои служеле казна доживотен затвор со или без право на замена, и кои биле сместени под „посебен режим“ требале да бидат сместени во затворени ќелии и да бидат подложени на засилено обезбедување и надзор (правилата 56(1), 167в и 167г(1)). Од своја страна „напредениот режим“ вклучувал затворениците во текот на ноќта да се чуваат во затворени ќелии и да не им се дозволува да вршат никаква работа поврзана со одржувањето на затворот или некаква работа надвор од затворот (правило 55(1) и (4). Затворениците сместени под „посебен режим“ со наредба на директорот на затворот можеле да бидат постојано држени заклучени ако заради сериозноста на нивното дело или времетраењето на нивната казна можеле да се сметаат за опасни или доколку евидентно и систематски не се придржуваат кон внатрешниот режим или негативно влијаеле на другите затвореници (правило 56(1)).
116. Согласно членот 127б(2) и правилото 167г(2), после пет години служењето на нивната казна доживотен затвор затворениците би можеле да бидат сместени под полесен режим доколку се однесувале добро. Времето поминато претходно во притвор не се пресметувало во тој период (правило 167(2)). Одлуката да се стави затвореник кој служел казна доживотен затвор под полесен режим била донесена од посебна комисија составена од затворски персонал и различни други службени лица (член 17(1) и (5)(1)); спротивно на тоа одлуката да се стави некој затвореник под построг режим се носела од регионалниот суд, на предлог на таа комисија (член 17(5)(2)). Сите предлози во таа смисла требале да се засноваат врз проценката на ризик кај затвореникот по самиот себе, другите затвореници и затворскиот персонал (член 17а). Согласно членот 58, одлуките на Комисијата можеле да бидат укинати од министерот за правда. Откако ќе бил ставен под „строг режим“ затвореникот што служел казна доживотен затвор, доколку се сметало дека не претставувал ризик кон себе, другите затвореници или затворскиот персонал, можел да биде сместен со општата затворска популација со одлука на истата комисија (член 127б(4), додаден во јуни 2002 г.).
2. Согласно Законот за извршување на казни и притвор од 2009 г.
117. Во јуни 2009 г. и февруари 2010 г. Законот од 1969 г. и правилата за негово спроведување биле заменети со Законот за извршување на казни и притвор од 2009 г. и правилата за спроведување издадени на 2 февруари 2010 г.
118. Членот 61(1) од Законот од 2009 г. предвидува кога за некое лице се изрекува казна доживотен затвор со или без право на замена судот мора да нареди лицето да биде ставено под „посебен режим“ (трите режими кои се применуваат во затворот се „посебен режим“, „строг режим“ и „општ режим“ – член 65(2). Согласно членот 71(2), лицата ставени под „посебен режим“ морале да се држат постојано заклучени во ќелија и под зајакнат надзор. Членот 71(3), којшто бил додаден во декември 2012 г. и стапил на сила на 1 јануари 2013 г., предвидувал лицата осудени со казна доживотен затвор со или без право на замена и се ставени под „строг режим“ и да се чуваат пред сè во заклучени ќелии и под зголемен надзор, освен ако не е можно со оглед на условите од членот 198(2) (види параграф 121 долу) да се држат заедно со општата затворска популација. Според образложението на овој амандман, новата одредба била неопходна за да се справи со правните предизвици кои ги наметнуваат затворениците осудени на казна доживотен затвор со тоа што треба постојано да се под клуч дури и ако нивниот режим бил сменет од „посебен“ на „строг“ (види параграф 130-134 долу).
119. Членовите 197-99 се занимаваат конкретно со режимот на затвореници осудени на казна доживотен затвор со или без право на замена.
120. Членот 197(1) предвидува дека тие две казни треба да се служат во затвори изградени за таква намена или во отсуство на такви затвори во посебни единици на другите затвори. Членот 197(2) предвидува во отсуство на посебни одредби кои можат да се применат за затворениците осудени на казна доживотен затвор, одредбите кои се однесуваат на другите затворски казни да се применуваат и на нив.
121. Членот 198(1) предвидува дека затворениците осудени на казна доживотен затвор можат да се стават под поблаг режим доколку добро се однесувале и издржале не помалку пет години од својата казна. Членот 198(2) предвидува лицата осудени на казна доживотен затвор да можат да бидат сместени заедно со општата затворска популација, и да земат учество во секојдневните работни обврски, обуката и образовните активности, спортот или други активности со одлука на Комисијата за спроведување на казни врз основа на проценката на личноста, под услов веќе да се ставени под „строг режим“. Комисијата се состои од директорот на затворот, член на надзорниот одбор, заменикот директор на затворот задолжен за безбедноста на затворот, раководителот на социјалниот и образовен оддел, и затворскиот психолог (член 73(1)). Тој се состанува најмалку двапати месечно (правило 55(1)).
122. Членот 199(1) предвидува дека доживотните затвореници не можат да бидат ставени под „општ режим“ или да им се даваат привилегии кои не можат да се користат внатре во затворот. Членот 199(2) предвидува лицата кои биле казнети со казна доживотен затвор и чии казни биле заменети од судот со казна затвор на определен период (види параграф 71 горе), можат да бидат префрлени од затвор во затворска установа од отворен тип каде можат да бидат сместени под „општ режим“ или „лесен режим“ (којшто е достапен само во затворски установи од отворен тип - член 65(3)).
123. Режимот за доживотните затвореници исто така се води и од правилата 213-220 од прописите за спроведување на Законот од 2009 г. Прописите за казна доживотен затвор без право на замена се исти како и за казна доживотен затвор со право на замена (пропис 220).
124. Прописот 213 предвидува дека доживотните затвореници мора да бидат држени во затвори специјално изградени за таа цел или во посебни затворени одделенија во другите затвори. Таму исто така се предвидува дека доживотните затвореници мораат да бидат постојано држени во заклучени ќелии под зголемен надзор и можат да учествуваат само во заеднички активности со други затвореници од истата категорија.
125. Прописот 214 предвидува дека доживотните затвореници мораат да се држат во изолација од другите затвореници и за време на трансфери, лекарски третмани, посети, активности на отворено или во прилики кога ги напуштаат своите ќелии.
126. Прописот 216(1) предвидува дека доживотните затвореници можат да работат во своите ќелии или во работилници наменети исклучиво за тоа, доколку има такви. Спротивно на тоа членот 71(1) предвидува, во однос на другите затвореници, дека можат да работат во областа на затворот или зградата со ќелии и, во исклучителни случаи, на обезбедени надворешни локации. Мора да се води евиденција за работните денови на доживотните затвореници (пропис 216(2)). Меѓутоа, согласно членот 38a § 4 од Кривичниот законик од 1968 г., кој е на сила од 1995 г., работата завршена од доживотен затвореник не може да се награди со кредит за порано ослободување; ова е спротивно на ставот за затворениците кои служат казна затвор на определено време за кои два дена работа се пресметуваат како три дена затвор заради побрзо ослободување (член 41 § 3 од истиот Законик).
127. Прописот 217, кој го отсликува членот 198(2) од Законот (види параграф 121 горе), предвидува лицата осудени на казна доживотен затвор да можат да бидат сместени заедно со општата затворска популација, и да земат учество во секојдневни работни обврски, обука и образовни активности, спорт или други активности со одлука на Комисијата за спроведување на казни врз основа на проценката на личноста, под услов веќе да се ставени под „строг режим“.
128. Прописот 218, кој го отсликува Членот 198(1) од Законот (види параграф 121 горе), предвидува дека затворениците осудени на казна доживотен затвор можат да се стават под поблаг режим доколку добро се однесувале и издржале не помалку од пет години од својата казна (периодот на притворот не се смета).
129. Прописот 219(1), кој го отсликува Членот 197(1) од Законот (види параграф 120 горе), предвидува дека во период од пет години откако нивната казна станала правосилна, доживотните затвореници можат да бидат сместени во посебни одделенија на постоечките затвори или во затвори кои се специјално изградени за оваа цел утврден од министерот за правда. За време на тој период, специјален тим е одговорен за затвореникот (пропис 219(2)). По истекувањето на периодот, и после севкупната проценка на затвореникот, тој или таа може да биде сместен/а во друг затвор или под други услови (пропис 219(3)).
3. Правниот предизвик на прописите за спроведување на Законот од 2009 г.
130. Во 2010 г. двајца доживотни затвореници правно ги оспориле прописите 213, 214 и 219 од Прописите за спроведување на Законот од 2009 г. Тие тврделе дека тие биле спротивни на одредбите од Законот.
131. Со пресуда од 28 март 2011 г. (реш. № 4373 от 28 март 2011 г. по адм. д. № 10758/2010 г., ВАС, І о.) панел од три члена на Врховниот управен суд го потврдил барањето. Тој утврдил дека министерот за правда не се придржувал кон процедурата за издавање на прописи. Поконкретно не ги објавил нацрт прописите на веб страницата на Министерството со цел да ги направи достапни за јавноста и да добие коментари, согласно условите наведени во член 26(2) од Законот за нормативни акти од 1973 г. Ова било сериозен пропуст. Панелот понатаму утврдил дека прописот 213, со оглед дека барал доживотните затвореници да се чуваат постојано заклучени, бил спротивен на членот 197(1) од Законот од 2009 (види 120 и 124 горе), бидејќи поставувал услов којшто не произлегувал од текстот на законот: таквиот пропис можел да го посочи само начинот на примена на условите кои произлегуваат од текстот на законот. Прописот 213 не може да се смета ни како заснован за некој друг член од Законот од 2009 г. Останатиот дел од прописот 213, како и прописите 214 и 219 (види параграфи 124, 125 и 129 горе), не биле спротивни на одредбите од Законот од 2009 г.
132. По жалба од страна на министерот, со правосилна пресуда од 14 септември 2011 г. (реш. № 11411 от 14 септември 2011 г. по адм. д. № 6341/2011 г., ВАС, петчл. с-в) петочлен панел на Врховниот управен суд ја укинал пресудата на тричлениот панел. Тие одлучиле дека тоа што предлог прописите не биле објавени на веб страницата на Министерството не значело материјална повреда на Деловникот. Понатаму во пресудата се вели дека прописот 213 не бил спротивен на одредбите од Законот од 2009 г. бидејќи можел да се смета дека се засновал на членот 197(1) земен заедно со членот 71(1) од Законот (види параграф 118 горе). Ова се однесувало на сите затвореници ставени под „посебен режим“ и според нив тие требале да бидат држени во посебни и постојано заклучени ќелии.
133. Двајца судии не се согласувале, и рекле дека тоа што Министерството не ги објавиле предлог прописите на својата веб страница навистина претставувал сериозен пропуст и го нарушил процесот на усвојување на прописите.
134. Како резултат на отфрлањето на тоа правно оспорување, две барања за отштета биле поднесени од истите доживотни затвореници согласно членот 1 од Законот за одговорност на државата и општините за штети од 1988 г. (види параграф 136 долу) и врз основа на претрпеното страдање како резултат на нивниот осиромашен режим биле одбиени од страна на Врховниот управен суд како недопуштени (види опр. № 3355 от 7 март 2012 г. по адм. д. № 3154/ 2012 г., ВАС, петчл. с-в, and опр. № 5065 от 6 април 2012 г. по адм. д. № 14339/2011 г., ВАС, петчл. с-в). Судот одлучил дека овие побарувања можеле да бидат потврдени само ако законскиот инструмент против кои биле упатени жалбите бил укинат во претходна постапка, што не било случај.
4. Националните стандарди за постапување со затвореници осудени на казна доживотен затвор
135. На 2 февруари 2007 г. директорот на Директоратот за извршување на казни ги одобрил, за првпат во Бугарија „Националните стандарди за постапување со лицата осудени на казна доживотен затвор“. Целта на тие стандарди била да се „воспостави ефективен модел за постапување со лицата осудени на казна доживотен затвор што гарантираат конкретна поддршка за нивна физичка и ментална заштита и обезбедуваат општеството и затворскиот персонал да бидат заштитени“. Тие меѓу другото ги утврдуваат и минимумот материјални услови што треба да им се обезбедат на затворениците, безбедносните аранжмани и начинот на кој треба да се постапува со лицата осудени на казна доживотен затвор. Тие ги повикуваат затворските власти да обезбедат, кога е можно и во рамките на ограничувањата што произлегуваат од важечките безбедносни аранжмани, лицата осудени на казна доживотен затвор да добијат соодветен работен ангажман, образование (вклучително, доколку е можно, преку дописни школи), социјален развој, туторство, програми за одржување на нивното физичко и ментално здравје и здравствена заштита. Стандардните, меѓу другото, велат дека сите лица осудени на казна доживотен затвор треба да бидат вклучени во програми за прилагодување ориентирани кон тоа да им се овозможи да ја прифатат нивната состојба, да се креира едно чувство за перспектива, да се охрабрат да си помогнати самите на себе, стимулирање на нивното учество во различни активности и неутрализација на сите депресивни и психосоматски симптоми. Стандардите исто така велат дека доживотните затвореници треба да имаат индивидуални планови за казната и периодични проценки како и можност за дискутирање на прашањата поврзани со извршување на своите казни со затворската администрација. Според стандардите, доживотните затвореници треба да имаат пристап до културни и спортски активности, затворска библиотека, списанија, телевизија и радио, религиозни служби и групни активности. Меѓутоа, стандардите не се чини дека некаде воопшто ги споменуваат корективните или рехабилитациските програми.
...
III. РЕЛЕВАНТНИ МЕЃУНАРОДНИ МАТЕРИЈАЛИ
А. Меѓународниот пакт за граѓански и политички права од 1966
157. Меѓународниот пакт за граѓански и политички права од 1966 г. (999 UNTS 71) бил потпишан од Бугарија на 8 октомври 1968 г. и ратификуван од неа на 21 септември 1970 г.; истиот стапил на сила, со исклучок на членот 41, на 23 март 1976 г. Бил објавен во Службениот весник на Бугарија на 28 мај 1976 г. (обн., ДВ, бр. 43 от 28 май 1976 г.), што значи дека согласно членот 5 § 4 од Уставот од 1991 истиот е дел од домашното право. Членот 10 од Пактот уредува, што се однесува до релевантноста:
„1. Со сите лица што се лишени од слобода треба да се постапува на хуман начин и со почит за неразделното достоинство на секое човечко суштество.
2. ...
3. Затворскиот систем треба да изгради систем за постапување со затворениците чија главна цел треба да биде нивно реформирање и социјална рехабилитација. ...”
158. Во својот Општ коментар бр. 21 во однос на членот 10 (хумано постапување со лицата лишени од слобода), усвоен на 1141-от состанок (четириесет и четвртата сесија) на 6 април 1992 г., Комитетот за човекови права вели, во ставот 10, дека „ниеден пенитенцијарен систем не треба да биде само казнен; туку во суштина треба да се обидува да обезбеди реафирмација и социјална рехабилитација на затвореникот“.
Б. Инструменти на Советот на Европа
1. Европските затворски правила
159. Европските затворски правила се препораки на Комитетот на министри до земјите членки на Советот на Европа во однос на минимумот стандарди што треба да се применат на затворите. Во 1987 г. Европските затворски правила (дадени како додаток на Препораката бр. R (87) 3) биле усвоени на 12 февруари 1987 г. На 11 јануари 2006 г. Комитетот на министри, забележувајќи дека Правилата од 1987 г. „требале значително да бидат ревидирани и ажурирани за да ги отсликаат промените во казнената политика, праксата на изрекување на казни и севкупното управување со затворите во Европа“, ја усвоил Препораката Rec(2006)2 за Европските казнени правила. Новата верзија од 2006 г. на Правилата кои се јавуваат како додаток на Препораката. Тие во релевантниот дел велат:
„Дел I
Основни начела
1. Со сите лица лишени од слобода се постапува така што се почитуваат нивните човекови права.
2. Лицата лишени од слобода ги задржуваат сите права кои не им се законито одземени со одлука со која се осудени или со која се задржуваат во притвор.
3. Ограничувањата за лицата лишени од слобода треба да бидат минимално неопходни и сразмерни на легитимната цел поради која се наметнати.
4. Затворските услови кои ги загрозуваат човековите права не можат да се оправдаат со недостаток на материјални средства.
...
6. Сите затвори треба да бидат уредени така што ќе овозможуваат реинтеграција во слободното општество на лицата кои биле лишени од слобода.
...
„Дел II
Услови во затворот
...
Затворски режим
25.1. Режимот предвидува за сите затвореници да им понуди балансирана програма на активности.
25.2. Овој режим треба да им дозволи на сите затвореници да поминат онолку часови надвор од своите ќелии колку што е неопходно за адекватно ниво на човечка и социјална интеракција.
25.3. Овој режим исто треба да овозможи да се одговори на сите потреби за благосостојба на затворениците.
...
Ослободување на затворениците
33.3. Сите затвореници треба да можат да искористат сè што е договорено со цел да им се помогне при нивното враќање во слободното општество по ослободување.
...
Безбедност
51.1. Безбедносните мерки што се применуваат за поединечни затвореници ќе бидат минимумот неопходни за постигнување на нивно безбедно лишување од слобода.
...
51.3. Колку што е можно поскоро по приемот, ќе им се помогне на затворениците за да се утврди:
а) ризикот кој ѝ го наметнува на заедницата доколку избегаат;
б) ризикот од можен обид за бегство било сами или со помош од надвор.
51.4. Секој затвореник потоа ќе се чува во безбедносни услови соодветни на овие нивоа на ризик.
51.5. Нивото на безбедност неопходно ќе се разгледува во редовни интервали во текот на целиот престој во затвор.
...
Дел VIII
Осудени затвореници
Целта на режимот за осудените затвореници
102.1. Почитувајќи ги правилата што важат за сите затвореници, режимот за осудените затвореници ќе се определи така што ќе им овозможи да водат одговорен живот и живот без криминал.
102.2. Осудените затвореници се казнети со самото тоа што им е одземена слободата, па затоа условите на затворскиот режим не смеат дополнително да го зголемуваат страдањето што затворањето самото по себе го подразбира.
Спроведување на режимот за осудени затвореници
103.1. Режимот за осудените затвореници започнува веднаш по приемот во затвор на лицето со статус на осуден затвореник, доколку не започнал порано.
103.2. По приемот на осудените затвореници, што е можно побрзо, ќе се изработи извештај за нивната лична состојба, предложените програми за издржување на казната за секој од нив поединечно, како и стратегија за подготовка за нивно отпуштање.
103.3. Осудените затвореници ќе се поттикнуваат да учествуваат во подготвувањето на нивните поединечни програми за издржување на казната.
103.4. Овие програми за издржување на казната опфаќаат, во мерка во која тоа е изводливо:
а. работа;
б. образование;
в. други активности; и
г. подготовка за ослободување.
103.5. Во режимот за осудени затвореници може да се вклучи и социјалната работа, здравствената и психолошката нега.
...
103.8. Посебно внимание се посветува на утврдувањето соодветни програми и режими за издржување на казна доживотен затвор и други долги затворски казни.
...
Отпуштање на осудените затвореници
107.1. На осудените затворениците на време им се обезбедува помош пред отпуштањето преку различни постапки и посебни програми кои овозможуваат премин од живот во затвор во живот во заедницата, во кој ќе се почитуваат законите.
107.2. Во случаите на затвореници кои издржуваат подолги казни затвор, се преземаат посебни мерки со кои се обезбедува нивно постепено вклучување во животот на слобода.
107.3. Оваа цел може да се постигне преку пред-отпусна програма во затворот или со делумен или условен отпуст проследен со надзор, во комбинација со ефективна поддршка од социјалните органи.
107.4. Затворските власти тесно соработуваат со службите и институциите кои вршат надзор и кои им даваат помош на отпуштените затвореници, со цел да се овозможи сите затвореници повторно да го најдат своето место во заедницата, особено во однос на семејниот живот и вработувањето.
107.5. На претставниците од наведените социјални служби и организации ќе им се дозволи целосен пристап до затворот и затворениците, со цел да им се овозможи да помогнат во подготовките за отпуштање и планирање на програмата за згрижување по отпуштањето.
160. Во коментарот во врска со Правилата од 2006 (изготвени од Европскиот комитет за кривични проблеми) се вели дека Правилото 102 е во согласност со барањата за клучни меѓународни инструменти, вклучително и членот 10 § 3 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (види параграф 157 горе).
2. Резолуција 76(2)
161. Од 1976 г. Комитетот на Министри има усвоено серија на резолуции и препораки за затворениците што служат долги и доживотни затворски казни. Првата беше Резолуцијата 76(2) од 17 февруари 1976 г., во која им се препорачува на земјите-членки меѓу другото:
„1. да усвојат кривична политика согласно која долги затворски казни се изрекуваат само доколку се неопходни за заштита на општеството;
2. да ги преземат неопходните законодавни и административни мерки со цел да се промовира соодветно постапување за време на извршувањето на таквите казни;
...
6. да охрабрат чувство на одговорност кај затвореникот со прогресивно воведување на системи за земање учество во сите соодветни области;
...
9. да обезбедат сите случаи на сите затвореници да бидат испитани колку што е можно поскоро за да се утврди дали може да се додели условен отпуст или не;
10. да му се додели на затвореникот условен отпуст, согласно законските услови во врска со отслуженото време, веднаш штом ќе се смета дека постои пристојна веројатност; размислувањата чисто за општа превенција не треба да оправдуваат одбивање на условен отпуст;
11. принципи кои важат за подолгите казни затвор да се прилагодат и за доживотните казни затвор;
12. да се обезбеди разгледување, како што се упатува во точка 9, на казната доживотен затвор, ако не порано тогаш после осум до четиринаесет години затвор и да се повторува во редовни интервали; ...“
3. Препорака 2003(23) за постапувањето на затворската управа со затворениците кои издржуваат казна доживотен затвор и други долги затворски казни
162. Препораката 2003(23) за постапувањето на затворската управа со затвореници кои издржуваат казна доживотен затвор и други долги затворски казни беше усвоена од Комитетот на министри на 9 октомври 2003 г. Таа им препорачува на земјите-членки во своите законодавства, политики и практики за постапување со затворениците кои служат доживотна и долга казна затвор да се водат од начелата содржани во додатокот кон препораката. Во овие начела се вели, што се однесува до релевантниот дел, следново:
„Дефиниција на доживотните и долгогодишните затвореници
1. Во смисла на оваа препорака, доживотен затвореник е оној затвореник кој издржува казна доживотен затвор. Долгогодишен затвореник е оној затвореник кој издржува казна или повеќе казни затвор, чија висина изнесува или надминува пет години.
Општи цели
2. Цели на постапувањето со доживотни и други долгогодишни затвореници се следниве:
- да се овозможи затворите да бидат сигурни и безбедни места за овие затвореници, како и за лицата кои работат со нив или кои ги посетуваат;
- да се спречи штетното дејство на казната доживотен затвор или на долгите затворски казни;
- да се зголемат и подобрат можностите за успешна ресоцијализација на овие затвореници во општеството, кои по нивното отпуштање на слобода ќе водат живот почитувајќи го законот.
Општи принципи за постапување со доживотни и други долгогодишни затвореници
3. Треба да води сметка за разноликоста на личните особини кои се среќаваат кај доживотните и долгогодишните затвореници и тие особини да се земат предвид при подготовка на индивидуалните планови за издржување на казната (начело на индивидуализација).
4. Животот во затворот треба да се уреди на начин кој, што е можно повеќе, ќе наликува на реалниот живот во заедницата (начело на нормализација).
5. На затворениците треба да им се даде можност да сносат лична одговорност за секојдневниот живот во затворот (начело на одговорност).
6. Треба да се направи јасна разлика меѓу ризиците што доживотните и другите долгогодишни затвореници ги наметнуваат за надворешната заедница, за нив самите, за другите затвореници и за лицата кои работат или го посетуваат затворот (начело на безбедност и сигурност).
7. Треба да се внимава доживотните и другите долгогодишни затвореници да не се одвојуваат од другите затвореници исклучиво поради казната (начело на несегрегација).
8. Индивидуалното планирање на издржувањето на казна доживотен затвор или долги затворски казни треба да биде насочено кон обезбедување прогресивно движење на затвореникот низ затворскиот систем (начело на прогресија).
Планирање на казната
9. Со цел да се постигнат општите цели и да се обезбеди почитување на гореспоменатите начела, треба да се изготват сеопфатни планови за издржување на казната за секој затвореник поединечно. Овие планови треба, што е можно повеќе, да се изготвуваат и развиваат со активно учество на затвореникот и особено, кон крајот на казната, во тесна соработка со органите надлежни за вршење надзор по отпуштањето на слобода и други релевантни органи.
10. Плановите за издржување на казната треба да вклучуваат процена на ризиците и на потребите на секој затвореник поединечно, а тие планови треба да се користат за да се обезбеди систематски приод кон:
- првичното сместување на затвореникот;
- прогресивното движење низ затворскиот систем од повеќе кон помалку рестриктивни услови на затворање, кое треба, во идеални околности, да заврши со фаза на отворени услови, пожелно во заедницата;
- учеството во работата, образованието, обуката и други активности кои овозможуваат целисходно користење на времето поминато во затвор, со што се зголемуваат изгледите за успешна ресоцијализација по отпуштањето;
- ангажирањето и учеството на затвореникот во програми кои имаат за цел справување со ризиците и потребите, со што ќе се намали проблематичното однесување во затворот и повратот по отпуштањето на слобода;
- учеството во слободни и други активности за да се спречи или оневозможи штетното дејство на долгогодишното затворање;
- условите и мерките за надзор, кои поттикнуваат живот во кој се почитува законот и прилагодување кон заедницата по условниот отпуст.
11. Планирањето на казната треба да започне што е можно порано, по приемот во затворот и треба редовно да се преиспитува и менува во зависност од потребите.
...
Раководење со реинтеграцијата во општеството на доживотните и долгогодишните затвореници
33. Со цел да им се овозможи на доживотните и другите долгогодишни затвореници да го надминат проблемот на преминување од повеќегодишен престој во затвор во живот во заедницата во кој ќе ги почитуваат законот, нивното отпуштање треба да се подготвува однапред и при тоа посебно треба да се води сметка за:
- потребите од изготвување планови пред и после отпуштањето, во кои ќе бидат опфатени релевантните ризици и потреби;
- да се разгледа можноста од отпуст и продолжување на програмите, интервенциите или лекувањето коишто се спроведувале додека лицето било во затвор, после отпуштањето;
- потребата да се воспостави тесна соработка помеѓу затворската управа и органите надлежни да вршат заштитен надзор после отпуштањето, како и соработка со социјалните и здравствените служби
34. Одобрувањето и примената на условниот отпуст за доживотните и другите долгогодишни затвореници треба да се раководи од начелата предвидени во Препораката Rec(2003)22 за условниот отпуст.
163. Во однос на параграф 34, во извештајот што ја придружува препораката се вели (во параграф 131):
„Препораката Rec(2003)23 го содржи начелото дека условниот отпуст треба да е достапен за сите затвореници со исклучок на оние што служат крајно кратка затворска казна. Ова начело може да се примени согласно условите од Препораката, дури и за доживотни затвореници. Меѓутоа имајте на ум дека се препорачува можноста да се додели условен отпуст за доживотните затвореници, не дека на нив секогаш треба да им се даде условен отпуст.“
...
IV. РЕЛЕВАНТНИТЕ ИЗВЕШТАИ НА ЕВРОПСКИОТ КОМИТЕТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА МАЧЕЊЕ И НЕЧОВЕЧНО ИЛИ ПОНИЖУВАЧКО ПОСТАПУВАЊЕ ИЛИ КАЗНУВАЊЕ (КСТ)
А. Единаесеттиот општ извештај
165. Во единаесеттиот општ извештај (CPT/Inf (2001) објавен на 3 септември 2001 г., КСТ го забележува следново во врска со затворениците што издржуваат казна доживотен затвор и други долги затворски казни:
„33. Во повеќе европски земји во пораст е бројот на затвореници што издржуваат казна доживотен затвор и други долги затворски казни. За време на некои од своите посети КСТ согледа дека состојбата со таквите затвореници остава голем простор за желби во однос на материјалните услови, активностите и можностите за човечки контакт. Исто така голем број од затворениците се предмет на посебни ограничувања кои би можеле да ги влошат штетните ефекти кои се вообичаени за долгите затворски казни; примери на такви ограничувања се постојаната разделеност од остатокот на затворската популација, ставање на лисици секогаш кога затвореникот се вади од неговата ќелија, забрана за комуникација со други затвореници, и ограничени права на посета. КСТ не може да најде оправдување за примената на ограничувања без некој ред на сите затвореници кои подлежат на посебен вид на казна, и без да се размисли внимателно за ризикот што секој од нив поединечно можеби претставува (или не претставува).
Долгите затворски казни може да имаат повеќе последици по десоцијализацијата на затворениците. Исто така покрај тоа што се институционализирани, затворениците со подолги казни може да преживуваат низа различни психолошки проблеми (вклучително и загуба на самопочитување и губење на социјалните вештини) и да имаат тенденција да станат сè повеќе изолирани од општеството; на кое речиси сите со тек на време ќе му се вратат. Според КСТ, режимите што им се нудат на затворениците кои служат долги казни треба да се обидат да компензираат за овие последици на позитивен и проактивен начин.
Засегнатите затвореници треба да имаат пристап до широк спектар на активности кои имаат смисла од најразлична природа (работа, по можност со професионална вредност; образование; спорт; рекреација/здружување). Исто така треба да им се даде одреден степен на избор во однос на начинот на кој ќе го поминат своето слободно време, со што им се дава чувство на автономија и лична одговорност. Треба да се преземат дополнителни чекори за да се даде значење на нивното време поминато во затвор; индивидуализираните планови за служење на затворската казна и соодветната психосоцијална поддршка се особено важни елементи во давањето помош на такви затвореници за да се помират со периодот што ќе го поминат во затвор, и кога ќе дојде време да се подготват за заминување. Исто така негативните ефекти на институционализацијата на затворениците кои служат долги затворски казни ќе бидат помалку изразени, и тие ќе бидат подобро подготвени кога ќе треба да заминат од затвор доколку можат на ефективен начин да одржат контакт со надворешниот свет.
...
V. ИЗВЕШТАЈ НА БУГАРСКИОТ ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ ЗА КАЗНАТА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР БЕЗ ПРАВО НА ЗАМЕНА
175. Откако меѓу јуни 2009 и февруари 2010 година било спроведено истражување во врска со казната доживотен затвор без право на замена во Бугарија, во април 2010 година Бугарскиот хелсиншки комитет објавил извештај насловен како „Казната доживотен затвор без право на замена – нечовечна и понижувачка казна“. Извештајот се занимава со лицата кои служат казната доживотен затвор без право на замена, а не оние што служат казната доживотен затвор.
176. Во извештајот меѓу другото се вели дека во времето на посетите на поединечни затвори, сите доживотни затвореници во Затворот во Пловдив биле во засебни ќелии. Во Затворот во Стара Загора двајца доживотни затвореници делеле ќелија, но сите други биле во засебни ќелии. Освен во Затворот во Пловдив и некои други затвори кои не го вклучувале Затворот во Стара Загора, одделите во кои биле сместени доживотните затвореници биле во лоша состојба: подовите и ѕидовите биле валкани, а мебелот кој без исклучок бил прицврстен за подот, бил многу стар. Некои оддели имале кревети на кат, но ретко биле користени. Доживотните затвореници оброците ги добивале во ќелија. Сончевата светлина во одделите наменети за нив честопати била недоволна. Прозорците вообичаено имале димензии од 1 на 0,6-0,8 метри и се наоѓале на два метри од подот, поради што затворениците биле спречени да гледаат низ нив. Прозорските каси во одделот за доживотни затвореници во Затворот во Пловдив – но не и во Затворот во Стара Загора – биле нови. Вештачкото осветлување никогаш не се гасело, за да им се овозможи на стражарите визуелно да ги проверуваат ќелиите во секое време. Некои затвореници се жалеле дека паради тоа им било тешко да заспијат, особено ако светилките биле луминисцентни. Ниеден од одделите за доживотни затвореници немал систем за вентилација, а свеж воздух им доаѓал само преку прозорците кога биле отворени, што било проблем во зима бидејќи дури и во најстудените денови греењето било вклучувано само по еден час наутро и еден час попладне. Доживотните затвореници морале да си ја перат облеката кога оделе во тоалет и да ја сушат во своите ќелии. Во неколку затвори биле изградени тоалети во ќелиите но не и во затворите во Пловдив и Стара Загора. Пристапот до заедничките тоалети бил дозволен триесет минути наутро, на ручек и навечер. Во тоа време затворениците требале да ги измијат и своите кофи и приборот за јадење. Ако требале да одат во тоалет во друго време морале да ги повикаат стражарите. Бидејќи повеќето затвори немале систем за сигнализирање, затворениците морале да тропаат на вратите од нивните ќелии или да викаат. Честопати ова предизвикувало конфликти со стражарите и затворениците од тие причини честопати претпочитале да се олеснат во кофи во своите ќелии. Во сите затвори, со исклучок на Затворот Плевен, доживотните затвореници главно биле држени заклучени во нивните ќелии. Во Затворот во Пловдив, дневната прошетка во времетраење од еден час била продолжена за уште половина час, а во Затворот во Стара Загора за дваесет минути. Во повеќето затвори доживотните затвореници дневната прошетка ја правеле во посебни дворови. Тие дворови биле доста мали, а во некои затвори како што е Затворот во Пловдив, не давале можност за вистинско вежбање.
177. Во извештајот понатаму се вели дека во август 2009 г. само осум лица кои служеле казна доживотен затвор без право на замена добиле работа: седуммина во своите ќелии и еден надвор. Подоцна тој број се намалил. Наоѓањето на соодветна работа за затворениците не било лесно за затворските власти, а во Затворот Стара Загора, на пример ниеден доживотен затвореник никогаш не добил некаква работа. Во Затворот во Пловдив затворениците во еден период добиле работа да пакуваат хируршки ракавици.
178. Во извештајот исто така е нотирано дека повеќето доживотни затвореници имале сопствени телевизори, а некои имале и радио. Бидејќи најголемиот број затвореници живееле во истата ќелија повеќе години, се обиделе да ја наместат на начин кој што е можно повеќе ќе наликува на дом. Затворите во Пловдив и во Стара Загора немале клубови во своите оддели од затворен тип. Само неколкумина доживотни затвореници имале можност да се вклучат во суштински активности. Грижата за нив била многу тешка заради отсуство на можност да бидат ослободени. Сепак, во некои затвори тимовите кои работеле со доживотните затвореници правеле сериозни напори да им обезбедат психолошка поддршка и да им дадат чувство на перспектива, и поттик да ги одржат своите социјални контакти, да се вклучат во активности и да се спротивстават на секакви симптоми на депресија или психосоматски симптоми. Меѓутоа во некои затвори постапувањето со доживотните затвореници не било во согласност со „Националните стандарди за постапување со доживотни затвореници“ (види параграф 135 горе), а некои од засегнатите затвореници се жалеле дека не се работело со нив поединечно и дека не биле организирани никакви информативни или спортски активности за нив.
ПРАВОТО
I. РЕЖИМОТ И УСЛОВИТЕ ВО КОИ БИЛЕ ЗАТВОРЕНИ ЖАЛИТЕЛИТЕ
179. Г-динот Харакчиев и г-динот Толумов тврдеа дека затворските режими на кои биле подложени како затвореници осудени на казна доживотен затвор без право на замена проследени од материјалните услови во кои биле чувани, достигнале или мачење или нечовечно и понижувачко постапување со што бил повреден членот 3 од Конвенцијата.
180. Членот 3 од Конвенцијата го уредува следново:
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“
...
Б. Основаност
...
III. КАЗНА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР БЕЗ ПРАВО НА ЗАМЕНА
230. Г-динот Харакчиев исто така тврдеше дека неговата казна доживотен затвор без право на замена во времето на нејзиното изрекување достигнала ниво на нечовечна и понижувачка казна со која била повреден членот 3 од Конвенцијата.
231. Текстот од членот 3 од Конвенцијата е утврден во параграф 180 горе.
А. Изјаснување на странките
1. Забелешки на Владата
232. Владата се изјасни дека чистиот факт дека г-динот Харакчиев бил казнет на казна доживотен затвор без право на замена не достигнал ниво на повреда на членот 3 од Конвенцијата бидејќи во секое време можел да бара помилување од претседателот. Веќе постоел преседан каде на едно лице кое служело казна доживотен затвор без право на замена, казната му била заменета од потпретседателот. Одлука дека тоа не било доволно, нема да е праведна во однос на работата на Комисијата за помилување која била под потпретседателот и би предизвикала правни превирања не само во Бугарија туку и во други земји-членки. Казната доживотен затвор без право на замена која била воведена во 1998 г. како резултат на укинувањето на смртната казна, била многу важна компонента на казнениот систем на бугарското кривично право. Тоа била казна која била изрекувана многу ретко и била резервирана за најсериозните дела. Во моментов имало 57 лица во Бугарија кои служеле казна доживотен затвор без право на замена и 106 лица кои служеле казна доживотен затвор.
233. Претседателското овластување за помилување било достапно средство за прилагодување на казната доживотен затвор без право на замена која на оние што служеле таква казна им давало надеж дека еден ден можеле да си ја вратат слободата. Затоа било многу важно во врска со ова дека на 21 јануари 2013 г. потпретседателот го искористил ова овластување и ја заменил казната доживотен затвор без право на замена со казна доживотен затвор. Причините кои се во суштината на одлуката да го стори тоа се дадени во извештајот на Комисијата за помилување, во кој меѓу другото за забележува дека одлуката ќе им демонстрира на сите други лица кои добиле казна доживотен затвор без право на замена дека можат да си ја подобрат ситуацијата. Претседателското овластување за помилување било на сила во времето кога била воведена казната доживотен затвор без право на замена како казна и секогаш било спроведувано на начин кој на засегнатите лица им давало надеж дека можат да добијат намалување на својата казна. Ова било очигледно од причините дадени во одбивањата да се помилуваат лицата кои служеле казна доживотен затвор без право на замена, што во суштина се потпирало на два аргументи: отсуство на напредок во процесот на напредување или незначителен дел од казната бил издржен до тој момент. Процедурата за разгледување на барањата за помилување од секогаш била изнесена во претседателскиот указ, како што е указот од 23 февруари 2012 г. кој имал сила на закон. Последната верзија на правилата што се применувале била наменета да ја оптимизира постапката и да ја направи потранспарентна и да ги формализира стандардите кои веќе се појавиле во пракса. Главниот акцент бил да се зголемат истражувачките и аналитичките капацитети на Комисијата за помилување и усогласување на начинот на кој се испитува секое барање за помилување. Таа постапка може да го создаде истиот ефект како и судска постапка за замена на казната. Претседателот и потпретседателот не се обврзани од ниеден критериум и можат да го применат своето овластување за помилување во секое време во однос на секое лице.
234. Затворскиот режим за лицата што служат казна доживотен затвор не ги спречил да покажат дека се реформирале. Ова било очигледно од причините за одлуката на потпретседателот од 21 јануари 2013 г. да ја замени казната доживотен затвор без право на замена со казна доживотен затвор, и од однесувањето на г-динот Толумов и промена на неговиот режим на служење на затворската казна. Г-динот Харакчиев, од своја страна не покажал никакви знаци на рехабилитација. Напротив, тој бил подложен на низа дисциплински казни, и ризикот од рецидивизам во неговиот случај и понатаму останал висок. Исто така немало никакви индикации дека и двајцата жалители побарале помилување.
2. Забелешките на г-динот Харакчиев
235. Г-динот Харакчиев се изјаснил дека казната доживотен затвор без право на замена што ја служел не била компатибилна со членот 3 од Конвенцијата бидејќи однапред претпоставувала дека ќе мора да го помине остатокот од својот живот во затвор. Истовремено, анализа на релевантните одредби на бугарскиот закон покажала дека целите кои се сакале да се постигнат со изрекувањето на таа казна исто така можеле да се реализираат и преку казна доживотен затвор. Согласно Кривичниот законик од 1968 г., казна доживотен затвор без право на замена била резервирана за случаи во кои целта на казната не можела да се постигне по пат на пониска казна. Оттука истата била наменета за лицата кои никогаш не можеле да бидат рехабилитирани, додека било јасно дека судот која ја изрекол казната не бил во позиција да одлучи дали затвореникот ќе останел нереформиран за дваесет или триесет години.
236. Иако судската постапка што се однесува на замената на казната доживотен затвор во целост била усогласена со барањата на член 3 од Конвенцијата, примената на претседателското овластување за помилување била нејасна и непредвидлива. Членот 98 од Конвенцијата од 1991 г. и членот 74 од Кривичниот законик од 1968 г. не утврдува никакви правила во постапката или услови во кои тоа овластување би се применило. Како резултат, еден доживотен затвореник не знаел што требал да направи за да добие шанса за помилување. Начинот на кој овластувањето било применувано до 23 февруари 2012 г. исто така било нејасно: немало никакви информации за тоа колку затвореници барале помилување и по кој основ, колку барања биле потврдени и од кои причини и кои биле стручните лица што го советувале потпретседателот и во согласност со кои правила тие ги извршиле своите обврски. Како поткрепа на ова тврдење жалителите поднеле четири писма испратени меѓу 2006 и 2011 година од страна на претседателската администрација до лица што служеле казна доживотен затвор без право на замена, а кои поднеле барање за помилување: речиси сите просто кажале дека барањето било соодветно испитано и одбиено. Меѓу 2002 и 2009 г. шеснаесет лица кои служеле таква казна поднеле барање за помилување; сите нивни барања биле одбиени. Немало никакви случаи на помилување во однос на такви лица ни пред 2002 г.
237. Правната рамка која управува со остварувањето на претседателското овластување за помилување не се подобрила на 23 февруари 2012 г. Правилата утврдени од страна на претседателот на тој датум иако значеле чекор напред не ги разјасниле соодветно условите согласно кои можело да се бара помилување. Тие биле само внатрешни упатства по кои се раководела Комисијата за помилување во својата работа, не за примена на овластувањето на претседателот и потпретседателот. Исто така, тие правила не биле ниту објавени во Службен весник, и не било ниту јасно дали претседателот имал право согласно Уставот и законите да креира апстрактни правила. И понатаму согласно законот претседателот и потпретседателот имале слобода да одлучат без да ја засноваат својата одлука на некакви критериуми дали ќе дадат помилување или не. Одлуката во врска со тоа не морала да се образложува, и не била отворена за правен предизвик. Во 2012 г., само три од сто барања за помилување биле одобрени додека бројот на доживотни казни останал висок. Оттука, постапката за помилување не претставувала соодветно средство за барање на замена на казната доживотен затвор. Фактот дека актуелниот потпретседател врз основа на својот личен став дека казната доживотен затвор без замена требала да се укине, помилувал едно лице кое служело таква казна не нудел никаква реална надеж. Иако вредно за почит, таквиот став бил личен на потпретседателот, но бил крајно непопуларен, и ќе важел само додека таа била на функција. Не можел да има долготраен ефект како промена на законот.
238. Затворскиот режим на оние кои, како г-динот Харакчиев, служеле казна доживотен затвор давал право за целосна изолација, дури и надвор од ќелијата, па и за време на работата. Единствената можност за контакт била со други затвореници под ист режим, и само во текот на дневната прошетка од еден час. Овие крајно рестриктивни услови практично во целост го оневозможувале наоѓањето на соодветна работа за затворениците осудени на казна доживотен затвор. Ова произлегува од информациите изнесени во извештајот на Бугарскиот хелсиншки комитет од април 2010 г. Тој извештај исто така покажал дека за доживотните затвореници немало никакви програми за ресоцијализација и биле држени во крајно лоши материјални услови. Сите тие фактори им оневозможувале да покажат дека се поправиле и со тоа да го убедат претседателот или потпретседателот да им дадат помилување.
3. Дополнителни забелешки на Владата
239. Во своите дополнително забелешки, Владата се изјасни дека ситуацијата во актуелниот случај јасно се разликувала од таа во случајот на Винтер и други против Обединетото Кралство (Vinter and Others v. the United Kingdom ([GC], nos. 66069/09, 130/10 and 3896/10, ECHR 2013 (извадоци)). За разлика од ограничените овластувања на државниот секретар за правда на Обединетото Кралство, претседателското овластување за помилување во Бугарија не било попречено на никаков начин. Претседателот може да ја замени секоја казна и тоа овластување всушност било применувано. Постапка била доволно флексибилна за да им овозможи на затворениците да поднесат барање за помилување без никакво временско ограничување и по секаков основ. Секое барање за помилување подложело на сеопфатна проценка заснована на прашањето дали престојот во затвор и понатаму бил оправдан со легитимен пенолошки основ. Месечните извештаи на Комисијата за помилување која е под потпретседателот покажуваат дека таа ги разгледувала овие работи детално. Во еден случај во кој препорачала замена за казната доживотен затвор, Комисијата ги зела во предвид токму тие фактори. Можноста да се бара претседателско помилување била достапна од почетокот на казната доживотен затвор, таа нашироко позната и честопати користена.
240. Според Владата, немало никаква потреба од подетални правила околу примената на овластувањето. Немало никаква несигурност во однос на начинот на кој се применувало и некакви детални правила само ќе го ограничеле неговиот опсег, што во моментов бил многу широк. Во секој случај, државата имала дискреционо право при одлучувањето за начинот на кој казната доживотен затвор била ревидирана. Фактот дека претседателското овластување за помилување било целосно дискреционо не ја намалувало неговата ефективност. Ова било демонстрирано од неговата примена во врска со затвореникот кој служел казна доживотен затвор без право на замена на почетокот од 2013 г. Спротивно на тврдењата на г-динот Харакчиев, тоа не било исклучиво заради личните ставови на актуелната потпретседателка. Одлуката за замена на казната доживотен затвор воспоставила тренд. Како што се гледа од извештајот на Комисијата за помилување, таа била донесена врз основа на сеопфатна проценка на сите релевантни фактори. Трендот бил исто така евидентен од нацрт Кривичниот законик, кој предвидувал укинување на казната доживотен затвор без право на замена. Меѓутоа, усвојувањето на сложена законска регулатива како што е кривичниот законик бара време. Во меѓувреме, можноста да се бара претседателско помилување претставувало доволно делотворно средство на располагање на лицата осудени на казна доживотен затвор без право на замена.
241. Согласно важечката регулатива доживотните затвореници морале да бидат информирани на обичен јазик при нивното пристигнување во затвор за нивните права и обврски и за куќниот ред и дисциплина во затворот; тие исто така имале право да ја добијат таа информација и на писмено. Таа информација содржела детални објаснувања за затворските правила и прописи, правото на работа, режимот на посети, дисциплинските казни и можноста да се побара промена во затворскиот режим и побрзо ослободување. Исто така во 2007 г. Главниот директорат за извршување на казни ги издал „Националните стандарди за постапување со лицата осудени на казна доживотен затвор“. Овие стандарди изречно велат дека властите требале да им овозможат на доживотните затвореници да разговараат за прашања поврзани со извршувањето на нивните казни. Сите доживотни затвореници, без разлика дали служеле казна затвор која може или не може да се замени биле информирани за времето што требале да го издржат пред да бараат промена во нивниот затворски режим, и како требале да се однесуваат за да си ги зголемат шансите за замена на својата казна. Исто така, секој доживотен затвореник имал индивидуален план за казната во кој се наведувале позитивните промени што биле очекувани од него или неа и конкретните чекори кои воделе кон тие промени. Тој план подложел на периодични ревизии за кои требал да биде запознаен затвореникот. Во случајот на г-динот Харакчиев последниот план не бил потпишан од него, но тоа било така само затоа што тој одбил да потпишува каков било документ кој доаѓал од затворската управа.
Б. Оценка на Судот
1. Допуштеност
242. Оваа жалба не е очигледно лошо заснована во рамки на значењето на членот 35 § 3 (а) од Конвенцијата или недопуштена по некој друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена.
2. Основаност
(а) Општите начела воспоставени во судската пракса на Судот
243. Во случајот на Кафкарис против Кипар (Kafkaris v. Cyprus ([GC], no. 21906/04, § 97, ECHR 2008)), Големиот судски совет на Судот одлучи дека иако каков кривично-правосуден систем ќе избере една држава, вклучително и правилата за ревизија и ослободување, во принцип е надвор од опсегот на надзорот што го врши Судот, а изрекувањето на казна доживотен затвор за возрасен прекршител само по себе не било забрането ниту некомпатибилно со членот 3 или некој друг член на Конвенцијата, изрекувањето на затворска казна која не можела да се намали потпаѓало под опсегот на членот 3. Големиот судски совет истовремено мака мачи во обидот да ја нагласи важноста на тоа дела казната доживотен затвор не смее да стане „таква што не може да се скрати“ заради чистиот факт дека во пракса можела да се издржи во целост, и дека тоа било доволно за потребите на членот 3 од Конвенцијата која таквата казна би можела de jure и de facto да се скрати (исто., § 98 in fine).
244. Во тој случај, Големиот судски совет не утврди повреда на членот 3 од Конвенцијата бидејќи согласно Уставот на Кипар претседателот можел во секој момент, со претходна согласност на главниот обвинител да ја замени казната доживотен затвор со казна со пократко траење и потоа да ја укине. Точно е дека имало одредени недостатоци во постапката: немало никакви објавени критериуми кои покажуваат како претседателот ќе го искористи своето дискреционо право, без обврска да му го обелодени на затвореникот мислењето на главниот обвинител во однос на неговото или нејзиното барање, без услов за претседателот да ги изнесе причините и без таква пракса и без можност за судско ревидирање. Исто така точно е дека перспективата за ослободување на доживотни затвореници е ограничена, бидејќи секакво прилагодување на казната доживотен затвор потпаѓало под дискреционото право на претседателот. Меѓутоа имало низа конкретни примери во кои претседателот го искористил тоа дискреционо право и наредил ослободување на доживотните затвореници. Затоа не може да се каже дека г-динот Кафкарис бил лишен од секаква шанса за ослободување (исто., §§ 102-05).
245. Прашањето за компатибилноста на казната доживотен затвор која не може да се намали со членот 3 од Конвенцијата повторно беше разгледано од Големиот судски совет на Судот во неодамнешниот случајот на Винтер и други (цитиран горе). Големиот судски совет детално ги разгледа релевантните прашања што произлегле до судската пракса на Судот и од неодамнешните компаративни трендови и трендовите во меѓународното право во однос на казната доживотен затвор (исто., §§ 104-18). Врз таа основа, одлучи дека казната доживотен затвор може и понатаму да е компатибилна со членот 3 од Конвенцијата само ако постоела шанса за ослободување и можноста за ревидирање (исто., §§ 109-10), бидејќи еден затвореник не може да биде затворен освен ако немало легитимни казнени основи за лишувањето од слобода. Тие основи вклучувале казна, одвраќање, заштита на јавноста и рехабилитација. Големиот судски совет забележа конкретно дека балансот меѓу тие оправдувања за лишувањето од слобода не неопходно бил статички и можел да се смени во текот на служење на казната. Она што е примарно оправдување за сместување во затвор на почетокот на казната може да престане да постои откако ќе помине подолг период од издржување на таа казна. Затоа, само преку ревидирање на оправдувањето за континуиран престој во затвор во соодветен момент од казната тие фактори или промени би можеле да бидат соодветно проценети. Доколку затвореникот бил затворен без никаква шанса за ослободување и без можност за ревизија на неговата казна доживотен затвор, постоел ризик тој никогаш да не се помири со делото што го извршил: што и да направи во затвор, колку и да бил извонреден неговиот напредок кон рехабилитација, неговата казна и понатаму останувала фиксна без можност за ревизија (исто., §§ 111-12). Затоа големиот судски совет одлучил дека би било некомпатибилно со човечкото достоинство – кое се наоѓа во самата срж на системот на Конвенцијата – со сила да се лиши едно лице од неговата слобода без да постои стремеж за негова рехабилитација и да му се даде можност некогаш да си ја поврати слободата (исто., § 113). Понатаму забележува дека сега постоела јасна поддршка во европското и меѓународното право за начелото дека на сите затвореници, вклучително и оние кои служат казна доживотен затвор, да им се понуди можност за рехабилитација и изглед за ослободување доколку се постигне таа рехабилитација (исто., § 114). Иако казната и понатаму е една од целите на затворот, акцентот во европската казнена политика, како што е дадено во правилата 6, 102.1 и 103.8 од Европските затворски правила, Резолуцијата 76(2) и Препораките 2003(23) и 2003(22) на Комитетот на министри, изјавите на КСТ и праксата на низа земји потписнички, како и на меѓународното право, како што меѓу другото е изразено во членот 10 § 3 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Општиот коментар за тој член, сега е врз рехабилитативната цел на казнувањето, дури и во случајот на доживотните затвореници.
246. Врз основа на таа анализа големиот судски совет одлучи да ја отфрли претходната пресуда на Судскиот совет и да ги утврди следниве пропозиции во однос на казните доживотен затвор:
(а) Во контекст на казната доживотен затвор, членот 3 од Конвенцијата мора да се толкува како барање за намалување на казната, во смисла на ревидирање кое им дозволува на домашните власти да размислат дали имало некакви поважни промени кај доживотниот затвореник, и напредок кон рехабилитација постигнат во текот на казната, за да значи дека континуираното држење во затвор повеќе не може да се оправда на легитимни пенолошки основи (исто., § 119);
(б) Земајќи го во предвид дискреционото право кое мора да биде признато од земјите потписнички за прашања на кривичната правда и изрекувањето на казни, не е задача на Судот да ја пропишува формата на ревидирање, извршна или судска, или да одредува кога таквото ревидирање треба да се случи. Меѓутоа, компаративните материјали и материјалите од меѓународното право покажуваат јасна поддршка за институцијата на посветен механизам кој гарантира ревизија не подоцна од дваесет и пет години по изрекувањето на казна доживотен затвор со дополнителни периодични ревизии што ќе следат (исто., § 120).
(в) Кога домашното право не предвидува можност за таква ревизија, казната доживотен затвор без право на замена нема да одговори на стандардите на членот 3 од Конвенцијата (исто., § 121);
(г) Иако задолжителната ревизија е потенцијален настан што е неопходно следи на изрекувањето на казната, затвореникот осуден на казна доживотен затвор без право на замена не треба да е обврзан да чека и да издржи неопределен број на години од својата казна пред да може да поднесе жалба дека законските услови на неговата казна не успеале да се придржуваат на барањата на членот 3 од Конвенцијата во оваа смисла. Ова би било спротивно и на правната сигурност и на општите начела на статусот на жртва во рамките на значењето на тој услов во членот 34 од Конвенцијата. Исто така во случаи кога казната, при изрекувањето, е таква што не може да се намали согласно домашното право, би било неозбилно да се очекува затвореникот да работи на сопствената рехабилитација без да знае дали, на неутврден иден датум, може да се воведе механизам кој ќе му дозволи врз основа на таа рехабилитација да се размислува за ослободување. Затвореник осуден на казна доживотен затвор без право на замена има право да знае од самиот почеток на служење на казната што мора да направи за да добие можност за ослободување и под кои услови, вклучително и кога ќе има или кога може да побара ревизија на неговата казна. Последователно, кога домашното право не обезбедува никакви механизми или можности за ревизија на казната доживотен затвор без право на замена, некомпатибилноста со членот 3 од Конвенцијата врз овој основ веќе се појавува во моментот на изрекување на казна доживотен затвор, а не во подоцнежна фаза од издржувањето на затворската казна.
(б) Примена на тие начела во актуелниот случај
247. На почетокот Судот забележува дека г-динот Харакчиев не се обидел да аргументира дека неговата казна била, како таква, во голема мерка несразмерна на сериозноста на неговите дела, или дека веќе не постоеле легитимни пенолошки основи за негово континуирано држење во затвор (види Винтер и други , цитиран горе, § 102). Неговата поплака била насочена против ефектите од таа казна.
248. Во Бугарија казната доживотен затвор без право на замена – која претходно не постоела во бугарското кривично право – била воведена во декември 1998 г., кога Парламентот формално ја укинал смртната казна (види параграфи 51, 52 и 58 горе). Таа казна – како што беше потврдено и со забелешките на Владата во овој случај – се смета за „привремена“ и „вонредна“, и е резервирана за дела (а) кои се „закануваат по темелите на Републиката“ или се особено сериозни и намерни и (б) во однос на која „целите од казната ... не можат да се постигнат со помала казна“ (види параграфи 59 и 60 горе). Постои напоредно со „простата“ казна доживотен затвор воведена во 1995 г., која може да се замени (види параграфи 56, 65 и 71 горе)
249. Судот понатаму забележува дека казната доживотен затвор без право на замена се сметала за „привремена“ и „вонредна“, и дека новиот нацрт Кривичен законик, неодамна изнесен од Владата пред Парламентот, на крајот од јануари 2014 г., само предвидува казна од „простиот вид“ односно казна доживотен затвор која може да се замени (види параграф 67 горе), бидејќи според појаснувачката забелешка на тој нацрт Законик на казната доживотен затвор без право на замена „во моментов се гледа како на премногу нечовечна заради отсуството на надеж за лицата осудени на неа“ (види параграф 68 горе). Се чини дека кога ќе бидат усвоени овој Законик ќе ги обезбеди истите шанси за надеж дека казната ќе биде ревидирана и за оние кои во моментов служат казна доживотен затвор без право на замена.
250. Изборот на кривичен правосуден систем од страна на државата, вклучително и начинот на ревизија и ослободување како што веќе беше забележано во принцип е надвор од опсегот на надзорот што го спроведува Судот, а простото изрекување на казна доживотен затвор за возрасни сторители на кривични дела не е само по себе забрането со членот 3 или некој друг член од Конвенцијата.
251. Во контекст на својата судска пракса, прашањето за Судот е дали казната што му е изречена на г–динот Харакчиев би можела да се класификува како казна што не може да се намали односно дали имало изгледи за ослободување или можност за нејзино ревидирање. Судот забележува во врска со ова дека иако бугарскиот закон не му дозволува на г-динот Харакчиев да добие условен отпуст – мерка која се применува само за затвореници кои служат фиксни затворски казни (види параграф 70 горе) и иако г-динот Харакчиев не може да се надева на судска одлука со која ќе се смени неговата казна доживотен затвор без право на замена со помала казна, законот предвидува две мерки на претседателско помилување: целосно помилување или замена на неговата казна (параграфи 72-74 горе). Во случај на целосно помилување г-динот Харакчиев би можеле да биде ослободен веднаш и безусловно. Во случај на замена на неговата казна, дури и ако е само замена со казна доживотен затвор како во случајот на другиот доживотен затвореник што се случила во јануари 2013 г. (види параграфи 99-101 горе), му нуди можност на г-динот Харакчиев да бара судска замена, а потоа можеби и условен отпуст.
252. Во случајот Јоргов (бр. 2) ([Iorgov v. Bulgaria (no 2), no. 36295/02, 2 September 2010], §§ 48-60), за кој било одлучено после случајот Кафкарис (цитиран горе) но пред Винтер и други (цитиран горе), Судскиот совет на Петтата секција на Судот ги разгледал овие уставни и законски аранжмани и нивната примена до 2009 г. Тој забележува дека иако меѓу 2002 и 2009 година претседателското овластување за помилување било применето во случаите на 477 затвореници, никој што служел казна доживотен затвор без право на замена не добил такво помилување. Судскиот совет сепак заклучил дека согласно тоа како стоеле работите не можело да се каже дека г-динот Јоргов, кој бил осуден на казна доживотен затвор без право на замена, бил лишен од секаква надеж да биде ослободен од затвор еден ден. Иако до ноември 2009 г. неден доживотен затвореник немал добиено претседателско помилување тоа не било доволно да покаже дека казната доживотен затвор без право на замена во Бугарија не можела да биде намалена де факто. Таквата казна била инкорпорирана во бугарското право не толку одамна, во декември 1998 г. по формалното укинување на смртната казна. Ова значело дека било малку веројатно дека голем број на лица кои служеле таква казна, вклучително и г-динот Јоргов, поминале доволно долг временски период во затвор за да се квалификуваат за претседателско помилување. Немало ништо што можело да сугерира дека доколку г-динот Јоргов со тек на време поднел барање за помилување дека неговото барање немало да биде соодветно разгледано во однос на широк опсег на критериуми. Затоа не можело да се смета дека немал никаква надеж да биде ослободен и оттука немало повреда на членот 3 од Конвенцијата (види Јорхов (бр. 2), цитиран горе, §§ 52-60).
253. Меѓутоа во контекст на последната пресуда на Големиот судски совет, во параграф 122 од Винтер и други (цитиран во параграф 246(г) горе), Судот не може да го примени истиот пристап во овој случај. Тој пристап се заснова на претпоставката дека отсуството на вистинска можност за добивање на замена на казната доживотен затвор може само да доведе до прекршување на членот 3 од Конвенцијата кога ќе се дојде до момент кога доживотниот затвореник веќе издржал доволно долг временски период и направил доволен напредок за да има реална шанса да ги убеди надлежните власти да му ја заменат неговата казна. Таквата претпоставка ги поткрепува пресудите на домашните судови и мнозинството на Судскиот совет во случајот на Винтер и други, кои главно сметале дека неможноста да се намали казната не значело повреда на членот 3 од Конвенцијата, освен и додека не дошло времето кога понатамошното држење во затвор на доживотниот затвореник повеќе немало да биде оправдано (види Винтер и други, цитиран горе, §§ 48, 49, 56, 87 и 91). Таквиот начин на размислување бил експлицитно одбиен од Големиот судски совет во тој случај (исто., § 122).
254. Следи дека во актуелниот случај, покрај испитувањето на актуелните аранжмани околу можноста за оние, како г-динот Харакчиев, кои лежат казна доживотен затвор без право на замена да побараат прилагодување на таквата казна, Судот мора да провери дали бугарското право нудело соодветна можност за ревизија на казната на г-динот Харакчиев во времето кога истата станала правосилна – ноември 2004 г. – и од тогаш наваму.
255. Јасно е дека казната, барем од измената на членот 74 од Кривичниот законик од 1968 г. кој стапил на сила на 13 октомври 2006 г. (види параграф 74 горе), de jure може да биде намалена. Меѓутоа не е јасно дека таков бил случајот пред тие измени. Согласно формулацијата пред 13 октомври 2006 г. членот 74, иако изречно не ја исклучувал можноста, јасно не кажувал дека претседателското право на помилување важело и за казната доживотен затвор со и без право на замена (види параграф 73 горе). До октомври 2006 г. немало никакви примери во кои претседателот или потпретседателот го примениле своето овластување за помилување на затвореник кој издржувал казна доживотен затвор без право на замена (види параграф 87 горе), а бидејќи не постоело веродостојно современо толкување на законот во врска со претседателското помилување, тешко е да се каже дали тој член можел да биде протолкуван во врска со членот 98 точка 11 од Уставот од 1991 г., за да значи дека казната потпаѓала во опсегот на претседателското право да помилува иако тоа не било конкретно спомнато во текстот на членот. Таквата несигурност произлегува од изјавите на парламентарците во текот на дебатата што го проследила воведувањето на казната доживотен затвор без право на замена (види параграфи 63 и 64 горе), самиот факт дека законодавецот последователно утврдил дека е неопходно да се појасни точката со помош на законска измена, како и од фактот дека во 2012 г. група на парламентарци барале обврзувачко толкување на членот 98 точка 11 од Уставот од 1991 г. од Уставниот суд, особено во однос на поентата дали претседателското овластување за давање на помилување ги опфаќало сите видови на кривични казни (види параграф 76 горе). Во такви околности, Судот не е убеден дека било јасно дека во времето кога казната на г-динот Харакчиев станала правосилна можела да биде de jure намалена.
256. И да е така, Судот не е убеден дека во текот на целиот релевантен период, казната на г-динот Харакчиев можела и де факто да биде намалена, и дека во текот на неговиот престој во затвор можело да се смета дека знаел дека постоел таков механизам кој реално ќе му дозволел неговиот случај да биде разгледан за ослободување.
257. Согласно актуелниот систем којшто се заснова на одлуките донесени од претседателот кој стапил на функција во јануари 2012 г., и праксата на Комисијата за помилување формирана од него во тоа време (види параграфи 90-107 горе) и поважно врз основа на обврзувачкото толкување на членот 98 точка 11 од Уставот од 1991 г. дадено од Уставниот суд во април 2012 г. (види параграфи 76-83 горе), доста е јасен начинот на примената на претседателското овластување за помилување.
258. Особено, Уставниот суд го дефинирал опсегот на тоа овластување и одлучил дека не треба да се применува на своеволен начин, земајќи ја во предвид правичноста, човечноста, сожалувањето, милосрдието и здравствената и семејната состојба на осудените лица и позитивните промени кај неговата и нејзината личност. Тој суд понатаму вели дека иако од претседателот или потпретседателот не се бара да дава причини за поединечните случаи, од нив се очекувало да ги објават општите критериуми по кои се воделе при остварувањето на правото да дадат помилување. Конечно судот одлучил дека указот за помилување можел да биде правно оспорен пред него, иако подложел на некои рестриктивни услови особено во однос на ставот (види параграфи 76-83 горе). Оваа пресуда дава сериозни гаранции дека претседателското овластување за помилување ќе се применува на доследен и во голема мерка предвидлив начин.
259. Исто така правилата по кои се води Комисијата за помилување која функционира под потпретседателот предвидуваат дека Комисијата во својата работа мора меѓу другото да ја земе во предвид релевантната судска пракса на меѓународните судови и други тела при толкувањето и примената на меѓународните инструменти за човекови права кои важат за Бугарија (види параграф 91 горе). Практиките усвоени од Комисијата од почетокот на нејзината работа на почетокот на 2012 г. – особено оние поврзани со обелоденување на критериумите по кои се водат во проверката на барањата за помилување, причините за нејзините препораки до потпретседателот при примената на неговото право на давање на помилување во поединечни случаи и релевантните статистички податоци (види параграфи 94-107 горе) – исто така ја зголемиле транспарентноста на постапката за помилување и претставува дополнителна гаранција за доследна и транспарентна примена на претседателските овластувања во оваа смисла.
260. Конечно, треба да се размисли за фактот дека, иако дури во декември 2012 г., Комисијата за помилување предложила до потпретседателот замена на казната на доживотен затвореник без право на замена со казна доживотен затвор врз основа на реформираноста на тој затвореник и дека во јануари 2013 г. потпретседателот се согласил со тој предлог (види параграфи 99-101 горе). Како што беше забележано од Комисијата и навистина од Владата во своите излагање, тој случај им покажал на сите други лица, како што е и г-динот Харакчиев осуден на казна доживотен затвор без право на замена дека можат да ја подобрат својата ситуација (види параграф 100 горе).
261. Затоа се чини дека доколку актуелниот и идните претседатели и потпретседатели продолжат да го применуваат овластувањето за помилување во согласност со правилата поставени од Уставниот суд во 2012 г. и со практиките усвоени истата година, за казната доживотен затвор без право на замена на г-динот Харакчиев може да се смета дека де факто може да се намали, и дека од тој момент можело да се смета дека тој знаел дека постои механизам кој му дозволува да биде земен во предвид за ослободување или замена на казната. Точно е дека некои од применливите правила не се утврдени во Уставот или во закон, туку во претседателскиот указ. Меѓутоа, како што веќе е нотирано не е задача на Судот да ја пропише формата која треба да ја има задолжителното разгледување.
262. Меѓутоа, истото не може да се каже во однос на временскиот период меѓу датумот кога таа казна станала правосилна - ноември 2004 г. – и барем првите месеци од 2012 г. Под претходната претседателска администрација, која била на власт два мандати, првиот од 22 јануари 2002 г. и 22 јануари 2007 г. и вториот од 22 јануари 2007 г. и 22 јануари 2012 г., начинот на кој претседателското овластување за давање помилување било применувано бил доста нејасен, без никакви објавени политики и без да се посочат некакви причини за одлуките за помилување (види параграф 87 горе), Навистина, Судот не може да го занемари фактот дека за време на нивната дебата во 1998 г. парламентарците барале потврда дека дискреционото право на претседателот немало да се примени за лица осудени на казна доживотен затвор без право на замена, и дека во 2012 г. Парламентот сметал дека е неопходно да се воспостави ад хок комитет за да спроведе истрага по тоа прашање (види параграф 89 горе). Ниту пак имало некакви конкретни примери кои покажувале дека лицата во ситуација како таа на г-динот Харакчиев можеле да се надеваат да имаат корист од тоа овластување (спротивно на Кафкарис, цитиран горе, § 103). Точно е дека недостатокот на такви примери би можел да се објасни со фактот дека казната доживотен затвор без право на замена била вградена во бугарското право не многу време пред тоа, во декември 1998 г., и дека затоа не било веројатно дека голем број на лица кои служеле таква казна, а кои поминале доволно долго време во затвор до тогаш би се квалификувале за помилување (види Јоргов (бр. 2), цитиран горе, §§ 56-57). Меѓутоа, комбинацијата на целосно отсуство на формална па дури и неформална заштита во врска со примената на претседателското овластување за помирување, проследено со отсуство на какви било примери кои би сугерирале дека едно лице кое издржува казна доживотен затвор би можело да добие прилагодување на таа казна и под кои околности, го наведува Судот да заклучи дека за периодот меѓу ноември 2004 г. и почетокот на 2012 г. за казната на г-динот Харакчиев не можело да се смета дека де факто можела да биде намалена. Неопходно произлегува од параграф 122 од пресудата на Големиот судски совет во случајот на Винтер и други (цитиран во параграф 246(г) горе) дека во овој тип на случај прекршувањето на членот 3 од Конвенцијата се состои од лишување на затворениците, за колкав и да е временски период, од секаква надеж да бидат ослободени, колку и да е мала таа надеж.
263. Во тој контекст, во овој случај, во кој жалителите исто така изнесоа сериозни жалби за режимот и за условите на нивниот престој во затворот (види параграф 179 долу), постои дополнителен аспект на разгледување на Судот: дали со оглед на режимот и условите на затворската казна на г-динот Харакчиев, за него може да се смета дека има вистинска шанса да се реформира и со тоа да се обиде да го убеди претседателот или потпретседателот за да го примени овластувањето за помилување за него. Исто така треба да се забележи дека во врска со тоа во случајот Винтер и други (цитиран горе, § 122) Големиот судски совет одлучи дека „затвореник осуден на казна доживотен затвор има право да знае на самиот почеток на казната што мора да направи за да има шанса за ослободување и под кои услови“ (види параграф 246(г) горе).
264. Иако Конвенцијата не гарантира како таква право на рехабилитација и иако членот 3 не може да се протолкува дека на властите им наметнува апсолутна обврска да им обезбеди на затворениците рехабилитација или програми и активности за реинтеграција, како на пример курсеви или советување, но бара од властите да им даде шанса на доживотните затвореници, колку и да е далечна, некој ден да си ја повратат својата слобода. За таа шанса да биде вистинска и опиплива, властите исто така мора да им дадат на доживотните затвореници соодветна можност да се рехабилитираат. Навистина Судот веќе имаше шанса да забележи дека во последните години постои тренд да се стави поголем акцент на рехабилитацијата, што претставува идеја за ресоцијализација преку негување на лична одговорност (види Dickson v. the United Kingdom [GC], no. 44362/04, § 28, ECHR 2007-V, и Vinter and Others, цитиран горе, §§ 113-18). Ова се чини дека е во согласност со првата цел на кривичната казна, како што е утврдено во членот 36 од бугарскиот Кривичен законик (види параграф 53 горе), како и со членот 10 § 3 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, кои се на сила во однос на Бугарија од 1970 година, што предвидува дека суштинската цел на третманот на затворениците е нивното реформирање и социјална рехабилитација (види параграф 157 и 158). Исто така ова е дел и од неколку инструменти на кои, како што веќе беше споменато Судот придава значителна важност и покрај нивниот необврзувачки карактер (види mutatis mutandis, Rivière [Rivière v. France, no. 33834/03, 11 July 2006], § 72, и Dybeku [Dybeku v. Albania, no. 41153/06, 18 December 2007], § 48 ...): правилата 6, 33.3, 102.1 и 107.1 од Европските затворски правила од 2006 г., точките 6 и 11 од Резолуцијата 76(2) на Комитетот на министри и параграфите 2 in fine, 5 и 33 од Препораката 2003(23) за постапување од страна на затворската управа со затворениците осудени на казна доживотен затвор и други затвореници кои служат долги казни, а сето ја нагласува потребата затворските власти да вложуват напори за промовирање на реинтеграција и рехабилитација на сите затвореници, вклучително и оние што служат казна доживотен затвор (види параграфи 159, 161 и 162 горе).
265. Тоа е секако област во која земјите договорнички уживаат широка маргина на дискреционото право. Меѓутоа, режимот и условите на затворската казна што ја издржува затвореникот осуден на казна доживотен затвор не може да се смета за неважно прашање во тој контекст. Тие услови и режим треба да се такви за да му овозможат на затвореникот осуден на казна доживотен затвор да се реформира, со идеја дека еден ден може да бара прилагодување на својата казна.
266. Дури и ако еден бугарски доживотен затвореник сега „знае што мора да направи за да биде земен во предвид за ослободување и кои услови да ги исполни (види параграф 246(г) горе), затвореници како што е г-динот Харакчиев по правило – за разлика од ситуацијата во која бил г-динот Јоргов, чиј режим постепено бил релаксиран со „експеримент“ во Затворот Плевен (види параграф 209 горе) – се подложени на особено строг затворски режим, кој вклучува речиси целосна изолација и многу ограничени можности за социјални контакти, работа или образование ... Во актуелниот случај, и покрај некои варијации во неговиот затворски режим, во пракса г-динот Харакчиев останал во постојано заклучени ќелии и изолиран од остатокот на затворската заедница, со многу ограничени можности да стапи во социјални контакти или работа, во текот на целиот период од неговиот престој во затворот (види параграфи 12, 23, 32 и 177 горе). Според гледиштето на Судот штетните последици на таквиот осиромашен режим проследен со незадоволувачките материјални услови во кои бил држен г-динот Харакчиев сигурно сериозно ја ослабиле можноста за негово реформирање и со тоа и реалната надеж дека можеби еден ден ќе постигне и ќе покаже напредок и со тоа ќе добие намалување на својата казна. На тоа треба да се додаде недостаток на доследна периодична процена на неговиот напредок кон рехабилитација. Точно е дека г-динот Харакчиев бил подложуван на годишни психолошки проценки ... Меѓутоа вреди да се забележи дека националните стандарди за постапување со доживотните затвореници, издадени во 2007 година се чини дека биле насочени кон тоа да им се помогне на доживотните затвореници да се прилагодат на својата казна, а не толку да работат на својата рехабилитација (види параграф 135 горе). Ниту пак тие стандарди јасно кажуваат дали некакви позитивни промени кај доживотните затвореници треба да резултираат од нивните сопствени напори или од проактивен пристап од страна на затворските власти согласно препораките на КСТ (види параграф 165 горе).
267. Во контекст на претходно споменатите размислувања Судот заклучува дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата.
268. При доаѓањето до овој заклучок, Судот забележува дека природата на жалбата на г-динот Харакчиев (види параграф 247 горе) и наодот дека имало повреда во однос на таа жалба не можат да се сфатат дека му се дава изглед за брзо ослободување.
...
V. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 46 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
278. Членот 46 од Конвенцијата уредува, во релевантниот дел:
„1. Високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечната пресуда на Судот во споровите во кои се странки.
2. Конечната пресуда на Судот му се доставува на Комитетот на министрите којшто го надгледува нејзиното извршување.“ ...”
279. Согласно тој член, страните договорнички имаат преземено обврска да се придржуваат кон конечните пресуди на Судот во секој случај во кој тие се странка, при што извршувањето е под надзор на Комитетот на министри. Следи, меѓу другото, дека пресудата во која Судот ќе утврди повреда на Конвенцијата или Протоколите со што ѝ се наметнува на тужената држава правна обврска не само да им се исплати на засегнатите сумата што им е доделена согласно членот 41 од Конвенцијата како правичен надоместок, туку исто така да изберат, предмет на надзор од страна на Комитетот на министри, општи и/или, доколку соодветствува, индивидуални мерки што ќе треба да бидат усвоени во нејзиниот домашен правен поредок за да се стави крај на повредата утврдена од Судот и во рамките на можностите да ги обесштети последиците. Пред сè засегнатата држава треба да ги избере, предмет на надзор на Комитетот на министри, средствата што ќе се користат во нејзиниот домашен правен поредок за извршување на нејзината обврска. Меѓутоа со намера да ѝ се помогне на тужената држава да го исполни тоа, Судот може да се одлучи да го посочи видот на поединечни и/или општи мерки кои може да бидат преземени за да се стави крај на состојбата која била утврдена (види, како неодамнешен извор, Stanev v. Bulgaria [GC], no. 36760/06, §§ 254-55, ECHR 2012).
280. Повредата на членот 3 од Конвенцијата утврдена во актуелниов случај, а поврзана со режимот и условите на држењето во затвор на жалителите во голем дел произлегува од релевантните одредби на Законот за извршување на казни и притвор од 2009 г. и неговите прописи за спроведување (види параграфи 203-214 горе). Ова укажува на систематски проблем кој веќе беше основа за слични жалби (види Chervenkov [Chervenkov v. Bulgaria (no. 45358/04, 27 November 2012], §§ 50 and 69-70, и Sabev [Sabev v. Bulgaria, no. 27887/06, 28 May 2013], §§ 72 and 98-99, обата цитирани горе), а може да поттикне уште повеќе такви жалби. Природата на повредата сугерира дека за соодветно извршување на оваа пресуда тужената држава ќе треба да спроведе реформа, по можност законодавна, на правната рамка која го регулира затворскиот режим што се применува за лицата осудени на казна доживотен затвор со или без можност за условен отпуст. Таквата реформа, која редовно ја препорачува КСТ уште од 1999 г. ..., треба да вклучува (а) отстранување на автоматската примена на крајно рестриктивниот режим што во моментов се применува по правило во првите пет години за сите лица осудени на казна доживотен затвор, и (б) утврдување на одредби со кои ќе се предвиди специјалниот безбедносен режим да се примени – и одржува – врз основа на индивидуалната проценка на ризик за секој доживотен затвореник и да не се применува подолго од она што е стриктно неопходно.
...
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО,
...
5.Одлучи дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата во однос на неможноста на г-динот Харакчиев да добие намалување на неговата казна доживотен затвор без право на замена од моментот кога таа станала правосилна;
6. Одлучи дека одлуката дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата во однос на неможноста на г-динот Харакчиев да добие намалување на неговата казна доживотен затвор без право на замена од моментот кога таа станала правосилна сама по себе претставува правичен надоместок за секаква нематеријална штета што ја претрпел заради тоа;
...
Изготвена на англиски јазик, и доставена на писмено на 8 јули 2014 година, согласно Правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Фатош АрачиИнета Зиемеле
Заменик секретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy