© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка од судската пракса на Судот бр. 177
Септември 2014
Хасан против Обединетото Кралство [ГСС] - 29750/09
Пресуда 16.9.2014 [ГСС]
Член 5
Член 5-1
Законско апсење или лишување од слобода
Лишување од слобода во Ирак согласно Третата и Четвртата женевска конвенција: нема повреда
Член 1
Јурисдикција на државите
Обврска на државите
Територијална јурисдикција поврзана со лишувањето од слобода на ирачки државјанин од страна на коалицијата на вооружени сили во Ирак.
Факти – во март 2003 г. коалиција на вооружени сили предводена од Соединетите Американски Држави извршија инвазија на Ирак. Откако го окупирале регионот на Басра, Британската армија почнала со апсење на високо-позиционирани припадници на владејачката Баат Партија и жалителот, висок претставник на партијата, се скрил оставајќи го зад себе својот брат Тарек да го штити семејството, во нивниот дом во Ум Каср. Утрото на 23 април 2003 г. единица на Британската армија влегла во куќата со цел да го уапси жалителот. Според нивната евиденција, тие го нашле Тарек Хасан во куќата вооружен со АК-47 автоматска пушка и го уапсиле под сомнеж дека е борец или цивил кој претставува закана по безбедноста. Истиот ден во подоцнежните часови бил однесен во Логорот Бука, затвор во Ирак со кој раководеле САД. Делови од логорот биле користени и од Обединетото Кралство за задржување и испитување на затвореници. Откако Тарек Хасан бил испрашан и од американските и од британските тела било утврдено дека тој нема никаква разузнавачка вредност и, според евиденцијата, бил ослободен на или околу 2 мај 2003 г. на локација во Ум Каср каде што биле оставани лицата што биле ослободени. Неговото тело било пронајдено со траги од мачење и егзекуција на околу 700 км оддалеченост на почетокот на септември 2003 г.
Во 2007 г. жалителот покренал постапка во англискиот управен суд, но истата била отфрлена по основ дека Логорот Бука пред сè ѝ припаѓал на американската војска, а не на британската.
Во својата жалба до Европскиот суд жалителот тврдел дека неговиот брат бил уапсен и задржан од британските сили во Ирак и потоа бил пронајден мртов под необјаснети околности. Тој се жалел согласно членот 5 §§ 1, 2, 3 и 4 од Конвенцијата дека апсењето и лишувањето од слобода биле своеволни и незаконски и дека немало процедурална заштита, а согласно членовите 2, 3 и 5 властите на Обединетото Кралство не спровеле истрага во врска со околностите на притворот, малтретирањето и смртта.
Право - Членови 2 и 3: Немало никакви докази кои сугерирале дека Тарек Хасан бил малтретиран додека бил притворен за да се покрене постапка согласно членот 3 за спроведување на официјална истрага. Ниту пак постоеле докази дека властите на Обединетото Кралство биле на некаков начин одговорни, директно или индиректно, за неговата смрт која настанала околу четири месеци по неговото ослободување од Логорот Бука, во оддалечен дел од земјата кој не бил под контрола на силите на Обединетото Кралство. Во отсуство на какви било докази за инволвираност на државни претставници на Обединетото Кралство во смртта, или какви било докази дека смртта настанала на територија под контрола на Обединетото Кралство не постои никаква обврска согласно членот за покренување на истрага.
Заклучок: недопуштена (евидентно неоснована).
Член 5 §§ 1, 2, 3 и 4
(а) Јурисдикција
(i) Периодот меѓу неговото заробување од страна на британските трупи и неговиот прием во Логорот Бука: Терек Хасан физички бил под надлежност и контрола на војниците на Обединетото Кралство и затоа потпаѓал под јурисдикција на Обединетото Кралство. Судот го одбил тврдењето на Владата дека јурисдикцијата не требала да важи во фаза на активни непријателства на меѓународен воен конфликт, а каде претставници на земјите договорнички дејствувале на територија врз која тие немале власт, и каде однесувањето на државата од своја страна требало да подложи на барањата на меѓународното хуманитарно право. Според ставот на Судот, таквиот заклучок не бил доследен со неговата сопствена судска пракса и со судската пракса на Меѓународниот суд на правдата со што било потврдено дека меѓународното право за човекови права и меѓународното хуманитарно право можеле да се применуваат напоредно.*
(ii) Периодот по приемот во Логорот Бука: Судот не го прифатил аргументот на Владата дека јурисдикцијата не требала да важи за периодот после приемот на Тарек Хасан во Логорот Бука бидејќи тоа вклучувало префрлање на надлежноста од Обединетото Кралство на Соединетите Американски Држави. Тарек Хасан бил примен во Логорот како затвореник на Обединетото Кралство. Брзо по неговиот прием тој бил однесен во делот од логорот којшто бил под целосна контрола на силите на Обединетото Кралство. Согласно Меморандумот за разбирање меѓу владите на Обединетото Кралство, САД и Австралија во врска со пренесувањето на надлежноста за затворениците, Обединетото Кралство биле одговорни за класификацијата на затворениците на Обединетото Кралство согласно Третата и Четвртата женевска конвенција и во одлучувањето дали требале да бидат ослободени. Иако било точно дека одредени оперативни аспекти поврзани со затворањето на Тарек Хасан во Логорот Бука биле префрлени на силите на САД (како што е негово придружување до и од тој дел од логорот и неговото чување во други делови од логорот) Обединетото Кралство ја задржале надлежноста и контролата на сите аспекти од неговото држење во затвор, а кои биле релевантни за жалбите на жалителот согласно членот 5.
Тарек Хасан оттука бил под јурисдикција на Обединетото Кралство од моментот кога бил заробен на 23 април 2003 г. до неговото ослободување, најверојатно во Ум Каср на 2 мај 2003 г.
Заклучок: во рамки на јурисдикцијата (едногласно).
(б) Законитост: Постоеле суштински разлики во контекстот и намерата меѓу апсење извршено во услови на мир и апсење на борец за време на вооружен конфликт. Лишувањето од слобода согласно овластувањата предвидени во Третата и Четвртата женевска конвенција не било во согласност со одобрените основи за лишување од слобода утврдени во потставовите од (а) до (ѓ) од членот 5 § 1.
Обединетото Кралство не поднеле никаково формално барање во однос на членот 15 од Конвенцијата (отстапување во услови на вонредна состојба) со што би се дозволило да се отстапи од обврската согласно членот 5 во однос на нивните операции во Ирак. Наместо тоа Владата во своите поднесоци побара од Судот да не ги применува обврските на Обединетото Кралство согласно членот 5 или на некој друг начин да ги толкува во контекст на овластувањата за лишување од слобода кои им биле достапни согласно меѓународното хуманитарно право.
Почетната точка од разгледувањето на Судот било неговото постојано практикување на толкувањето на Конвенцијата во контекст на членот 31 § 3 од Виенската конвенција за договорното право од 1969 година според кој било неопходно при толкувањето на еден договор да се земе во предвид (a) секој последователен договор меѓу страните во врска со толкувањето на договорот или примената не неговите одредби, (б) секоја последователна пракса во примената на договорот што претставува договор на страните во однос на неговото толкувањето и (в) сите релевантни правила на меѓународното право кои се применуваат во односите меѓу страните.
Што се однесува до членот 31 § 3 (a), не постоел последователен договор меѓу државите договорнички во однос на толкувањето на членот 5 во услови на меѓународен вооружен конфликт. Меѓутоа, што се однесува до членот 31 § 3 (б), Судот претходно се изјаснил дека можело да се смета за доследна пракса на државите договорнички по нивната ратификацијата на Конвенцијата, постигнување на договор не само во однос на толкувањето туку и во однос на измена на текстот на Конвенцијата. Праксата на државите договорнички не била де се отстапи од нивната обврска согласно членот 5 со цел да се лишат од слобода лица врз основа на Третата и Четвртата женевска конвенција за време на меѓународни вооружени конфликти. Таквата пракса била отсликана во праксата на државата во однос на Меѓународниот пакт за заштита на цивилните и политичките права.
Што се однесува до критериумот содржан во член 31 § 3 (в), Судот повторил дека Конвенцијата морала да се толкува во согласност со другите правила на меѓународното право, вклучително и правилата на меѓународното хуманитарно право. Судот морал да се потруди да ја толкува и примени Конвенцијата на начин кој бил доследен на рамката на меѓународното право дефинирано од Меѓународниот суд на правдата. Соодветно на тоа отсуството на формално отстапување согласно членот 15 од Конвенцијата не го спречил Судот да го земе во предвид контекстот и одредбите на меѓународното хуманитарно право при толкувањето и примената на членот 5 во случајот на жалителот.
Сепак дури и во ситуации на меѓународен воен конфликт заштитата согласно Конвенцијата и понатаму продолжила да се применува, иако протолкувана во контекст на одредбите на меѓународното хуманитарно право. Заради коегзистирање на заштитата предвидена со меѓународното хуманитарно право и со Конвенцијата за време на вооружен конфликт, основите за дозволено лишување од слобода утврдени согласно заштитата предвидена во точките од (a) до (ѓ) треба да бидат прилагодени, колку што е можно повеќе, на заробувањето на воени затвореници и притворањето на цивили кои претставувале ризик по безбедноста согласно Третата и Четвртата конвенција. Судот го имаше на ум фактот дека заробувањето во време на мир не потпаѓало под шемата на лишување од слобода уредено со членот 5 од Конвенцијата без да се примени овластувањето за отстапување согласно членот 15. Тоа е можно само во случаи на меѓународен вооружен конфликт, кога заробувањето на воени затвореници и притворањето на цивили кои претставуваат закана по безбедноста биле прифатени одлики на меѓународното хуманитарно право, и дека членот 5 можел да се толкува како дозвола за примена на така широки овластувања.
Што се однесува до основот за дозволено лишување од слобода утврден во овие потставови, лишувањето од слобода согласно овластувањата на меѓународното хуманитарно право морало да биде „законско“ за да се спречи повреда на членот 5 § 1. Тоа значело дека лишувањето од слобода морало да биде во согласност со правилата на меѓународното хуманитарно право и што е уште поважно требало да се придржува на основната цел на членот 5 § 1, која била да се заштити поединецот од своеволност.
Што се однесува до процедуралната заштита, Судот сметаше дека во однос на лишувањето од слобода што ќе се случи за време на меѓународен вооружен конфликт, членот 5 §§ 2 и 4 исто така морал да биде толкуван на начин кој ги земал во предвид и контекстот и применливите правила на меѓународното хуманитарно право. Членовите 43 и 78 од Четвртата женевска конвенција предвидувале заробувањето „да подложи на периодични ревизии, доколку е можно на секои шест месеци од страна на надлежно тело“. Иако можеби не е применливо во текот на еден меѓународен вооружен конфликт законитоста на лишувањето од слобода да биде утврдена од независен „суд“ во смислата која пак генерално се бара со член 5 § 4, доколку државата договорничка се придржува на своите обврски согласно член 5 § 4 во овој контекст, „надлежното тело“ треба да предвиди доволно гаранции за непристрасност и правична процедура за да заштити од своеволност. Исто така првото ревидирање треба да се направи набрзо откако лицето ќе биде лишено од слобода, со последователни ревидирања на чести интервали за да се обезбеди дека секое лице кое не потпаѓа под категориите што не подложат на заробување согласно меѓународното хуманитарно право да бидат ослободени без непотребно одлагање. Меѓутоа членот 5 § 3 немал примена во актуелниот случај со оглед дека Тарек Хасан не бил лишен од слобода во согласност со одредбите во став 1 (в) од членот 5.
Навраќајќи се на фактите на случајот на жалителот, Судот сметаше дека властите на Обединетото Кралство имале причина да веруваат дека Тарек Хасан кој кога дошле британските трупи бил вооружен и на кровот на куќата на својот брат каде било пронајдено и друго оружје и документи со вредност за военото вооружување можел да биде лице кое требало да биде лишено од слобода како воен затвореник или чие притворање било неопходно од причини важни за безбедноста од кои и двете нуделе легитимна основа да биде заробен и лишен од слобода согласно Третата и Четвртата женевска конвенција. Речиси веднаш откако бил примен во Логорот Бука бил подложен на процес на проверка во форма на две интервјуа со офицери на военото разузнавање на САД и Обединетото Кралство, како резултат на што добил дозвола да биде ослободен бидејќи било утврдено дека бил цивил кој не претставувал закана по безбедноста. Доказите покажувале дека бил физички ослободен од Логорот наскоро потоа.
Во овој контекст се чини дека заробувањето на Тарек Хасан и неговото лишување од слобода биле доследни со овластувањата што му биле на располагање на Обединетото Кралство согласно Третата и Четвртата конвенција и не било своеволно. Исто така во контекст на тоа дека било одобрено да биде пуштен и со оглед на неговото физичко ослободување после неколку дена откако бил донесен во Логорот, било непотребно за Судот да провери дали процесот на проверка претставувал адекватна заштита од своеволно лишување од слобода. Конечно се чини од контекстот и прашањата кои му биле поставени на Тарек Хасан во текот на двете интервјуа за проверка дека причината за неговото лишување од слобода му биле јасни.
Заклучок: нема повреда (тринаесет гласа наспроти четири).
(Види исто така Al-Skeini and Others v. the United Kingdom [GC], 55721/07, и Al-Jedda v. the United Kingdom [GC], 27021/08, обете усвоени на 7 јули 2011 г., Информативна белешка 143)
* Види, поконкретно, Советодавното мислење за правните последици од изградбата на ѕид на Окупираната Палестинска Територија (9 јули 2004) (Advisory Opinion on The Legal Consequences of the Construction of a Wall in the Occupied Palestinian Territory (9 July 2004)).
© Совет на Европа / Европски суд за човекови права
Ова резиме на Регистратурата не го обврзува Судот.
На овој линк може да се најдат Информативни белешки од судската пракса
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy