© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
случајот на хирси јамаа и други против италија
(Жалба бр. 27765/09)
ПРЕСУДА
Стразбур
23 февруари 2012 год.
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на Хирси Јамаа и други против Италија,
Европскиот суд за човекови права кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Николас Браца (Nicolas Bratza), претседател
Жан-Пол Коста (Jean-Paul Costa),
Франсоаз Тилкен (Françoise Tulkens),
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Нина Вајиќ (Nina Vajić),
Дин Шпилман (Dean Spielmann),
Пир Лоренцен (Peer Lorenzen),
Лилјана Мијовиќ (Ljiljana Mijović),
Драгољуб Поповиќ (Dragoljub Popović),
Џорџо Малинверни (Giorgio Malinverni),
Мирјана Лазарова Трајковска (Mirjana Lazarova Trajkovska),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Ишил Каракаш (Işıl Karakaş),
Кристина Пардалос (Kristina Pardalos),
Гвидо Раимонди (Guido Raimondi),
Винсент А. де Гаетано (Vincent A. de Gaetano),
Пауло Пинто де Албукерки (Paulo Pinto de Albuquerque), судии,
и Мајкл О’Бојл (Michael O’Boyle), заменик секретар
Откако го разгледа случајот на затворени седници на 22 јуни 2011 год. и 19 јануари 2012 год.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалба (бр. 27765/09) против Италијанската Република поднесена до Судот во согласност со членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на единаесет сомалиски државјани и тринаесет еритрејски државјани („жалителите“) чии имиња и датуми на раѓање се дадени во листата приложена со оваа пресуда, на 26 мај 2009 година.
2. Жалителите беа претставени од г-динот А.Г. Лана и г-динот А. Секучи, адвокати со пракса во Рим. Италијанската влада („Владата“) беше претставена од нивниот агент, г-ѓата Е. Спатафора и нивниот ко-агент, г-ѓата С. Копари.
3. Жалителите тврдеа пред сè дека со нивното префрлање во Либија од италијанските власти бил повреден членот 3 од Конвенцијата и членот 4 од Протоколот бр. 4. Тие исто така се жалеа на немање правен лек што ги задоволувал условите од членот 13 од Конвенцијата, што би им овозможило да се испитаат горе-споменатите жалби.
4. Жалбата биле доделена на Втората секција на Судот (правило 52 § 1 од Деловникот на Судот). На 17 декември 2009 година Судскиот совет на таа Секција одлучил да ја запознае италијанската Владата со жалбата. На 15 февруари 2011 г. Судскиот совет составен од следниве судии: Франсоаз Тилкен, претседател, Ирену Кабрал Барето, Драгољуб Поповиќ, Нона Цоцориа, Ишли Каракаш, Кристина Пардалос, Гвидо Раимонди, како и Стенли Наисмит, секретарот на Секцијата, се одрекоа од јуриздикцијата во корист на Големиот судски совет, на што ниедна од странките немаше приговор (член 30 од Конвенцијата и правило 72).
5. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите од членот 27 §§ 2 и 3 од Конвенцијата и правилото 24 од Деловникот на Судот.
6. Беше одлучено дека Големиот судски совет ќе одлучи за допуштеноста и основаноста на жалбата во исто време (член 29 § 1 од Конвенцијата).
7. И жалителите и Владата ги поднесоа сопствените забелешки на писмено во однос на основаноста. Странките одговорија на забелешките на другата страна за време на расправата (правило 44 § 5). Писмени забелешки исто така беа примени од Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, Хјуман рајтс воч (Human Rights Watch), Клиниката за човекови права при Правниот факултет на Колумбија (Columbia Law School Human Rights Clinic), „АИРЕ Центарот“ (“Aire Centre”), Амнести интернешнал (Amnesty International) и Меѓународната федерација за човекови права (International Federation for Human Rights) кои настапија заеднички, и на кои претседателот на Судскиот совет им дозволи да интервенираат (член 36 § 2 од Конвенцијата). Исто така беа примени забелешки од Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, на кој претседателот на Судскиот совет му дозволи да интервенира. На Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци исто така им беше дозволено и да учествуваат во усните расправи.
8. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 22 јуни 2011 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(а) за Владата
Г-ѓа С. Копари (S. Coppari), ко-агент,
Г-дин Г. Албенцио (G. Albenzio),адвокат на државата;
(б) за жалителите
Г-дин А.Г. Лана (A.G . Lana),
Г-дин А. Сакучи (A. Saccucci), адвокат,
Г-ѓа А. Сирони (A. Sironi), советник;
(в) за Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, трета странка што интервенира
Г-ѓа М. Гарлик (M. Garlick), раководител на одделение, Политика и правна поддршка, Европска канцеларија, адвокат,
Г-дин К. Вутерс (C. Wouters), главен советник за бегалско право, Оддел за национална заштита,
Г-дин С. Бутруш (S. Boutruche), правен советник во Одделението за политика и правна поддршка, Европска канцеларија советници.
Судот ги сослуша обраќањата на г-ѓа Копари, г-дин Албенцио, г-дин Лана, г-дин Сакучи и г-ѓа Гарлик и нивните одговори на прашањата на судиите.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
А. Пресретнување и потиснување на жалителите назад во Либија
9. Жалителите, единаесет сомалиски државјани и тринаесет еритрејски државјани, биле дел од група од околу двесте лица кои заминале од Либија со три бродови со цел да дојдат до италијанскиот брег.
10. На 6 мај 2009 г. кога бродовите биле 35 наутички милји јужно од Лампедуза (Агриџенто), односно во Малтешкиот регион на одговорност за пребарување и спасување, тие биле пресретнати од три брода на Италијанската финансиска полиција (Guardia di finanza) и Крајбрежната стража.
11. Лицата што биле на пресретнатите бродови биле префрлени на италијански воени бродови и вратени во Триполи. Жалителите тврдеа дека за време на патувањето италијанските власти не ги информирале за нивната вистинска дестинација и не презеле чекори да ги идентификуваат.
Сите нивни лични работи, вклучително и документите што го потврдувале нивниот идентитет им биле конфискувани од воениот персонал.
12. При пристигнувањето во пристаништето во Триполи, по десетчасовно патување, мигрантите биле предадени на либиските власти. Според верзијата на жалителите за настаните тие приговарале против тоа да бидат предадени на либиските власти но биле принудени да ги напуштат италијанските бродови.
13. На прес конференција одржана на 7 мај 2009 г. италијанскиот министер за внатрешни работи изјавил дека операцијата за пресретнување на бродовите на отворено море и потиснување на мигрантите назад во Либија била последица на стапувањето на сила на билатералните договори со Либија на 4 февруари 2009 г., и дека тоа претставувало важна пресвртница во борбата против нелегалната имиграција. Во говорот пред Сенатот на 25 мај 2009 г. министерот изјавил дека меѓу 6 и 10 мај 2009 г. повеќе од 471 нелегални мигранти биле пресретнати на отворено море и префрлени во Либија во согласност си овие билатерални договори. Откако објаснил дека операциите биле спроведени со примена на принципот на соработка меѓу државите, министерот изјавил дека политиката на враќање била многу делотворна во борбата против илегалната имиграција. Според министерот за внатрешни работи таа политика ги обесхрабрувала криминалните банди вмешани во трговија и шверц со луѓе, со што помагала во спасување на животи на море и последователно го намалила бројот на илегални мигранти кои стапнувале на италијанскиот брег, кој бил петпати помал мај 2009 г. споредено со мај 2008 г.
14. Во текот на 2009 г. Италија спровела девет операции на отворено море за пресретнување на илегални мигранти во согласност со билатералните договори склучени со Либија.
Б. Судбината на жалителите и нивните контакти со своите претставници
15. Според информациите доставени до Судот од страна на претставниците на жалителите, двајца од жалителите, г-динот Мохамед Абукар Мохамед и г-динот Хасан Шариф Абирахман (бр. 10 и 11 на листата приложена со оваа пресуда) починале под непознати околности по настаните што се разгледуваат овде.
16. По поднесувањето на жалбата адвокатите беа во можност да одржат контакт со другите жалители со кои можеле да стапат во контакт по телефон или електронска пошта.
Четиринаесет од жалителите (што се на листата) добиле бегалски статус од претставништвото во Триполи на Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) меѓу јуни и октомври 2009 г.
17. По револуцијата која изби во Либија во февруари 2011 година, при што голем број луѓе беа присилени да избегаат од земјата, квалитетот на контактите меѓу жалителите и нивните претставници се влошил. Адвокатите во моментов се во контакт со шест од жалителите:
(i) Г-дин Ермиас Берхане (бр. 20 на листата) успеал нелегално да дојде до италијанскиот брег. На 25 мај 2011 г. Одборот за бегалски статус на Кротоне му доделил статус на бегалец;
(ii) Г-динот Хабтом Цегеј (бр. 19 на листата) во моментов се наоѓа во Чуча кампот во Тунис. Тој планира да се врати во Италија.
(iii) Г-динот Кифлом Тесфацион Кидан (бр. 24 на листата) е жител на Малта;
(iv) Г-динот Хајелом Могос Кидане и г-динот Валду Хабтемшаел (бр. 23 и 13 на листата) се жители на Швајцарија, каде што чекаат одговор на нивното барање за меѓународна заштита;
(v) Г-динот Роберл Абѕиги Јоханес (бр. 21 на листата) е жител на Бенин.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
А. Италијанскиот законик за навигација
18. Членот 4 од Законикот за навигација од 30 март 1942 г. со измени и дополнувања во 2002 г. го уредува следново:
„Италијански бродови на отворено море и авиони во воздушниот простор кои не подложат на суверенитетот на една држава се сметаат дека се на италијанска територија“.
Б. Билатерални договори меѓу Италија и Либија
19. На 29 декември 2007 г. Италија и Либија потпишале договор за билатерална соработка во Триполи за борба против нелегалната имиграција. На истиот датум двете земји потпишале дополнителен Протокол утврдувајќи оперативни и технички аранжмани за спроведување на споменатиот Договор. Согласно членот 2 од Договорот:
[Превод на Секретаријатот]
„Италија и „Големата Социјалистичка Народна Либиска Арапска Џамахирија“ преземаат обврска да организираат поморски патроли со употреба на шест брода ставени на располагање на привремена основа од страна на Италија. Мешани посади ќе бидат присутни на бродовите, составени од либиски персонал и италијански полицајци коишто ќе обезбедат обука, водство и техничка помош околу употребата и ракувањето со бродовите. Операциите на следење, пребарување и спасување ќе се спроведуваат во просторот на поаѓање и транзит на бродовите што се користат за превоз на нелегални имигранти, како во либиските територијални води така и во меѓународните води во согласност со меѓународните конвенции што се на сила и во согласност со оперативните аранжмани што треба да се договорат од двете земји.“
Исто така Италија презела обврска на Либија да и отстапи на период од три години три необележани бродови (членот 3 од Договорот) и да ги охрабри телата на Европската унија (ЕУ) да склучат рамковен договор меѓу ЕУ и Либија (член 4 од Договорот).
Конечно согласно членот 7 од билатералниот договор Либија презела обврска „да ги координира своите дејствија со оние на земјите на потекло со цел да се намали нелегалната миграција и да се обезбеди репатриација на имигрантите“.
На 4 февруари 2009 г. Италија и Либија потпишале Дополнителен протокол во Триполи, чија цел била зајакнување на билатералната соработка во борбата против нелегалната имиграција. Тој Протокол делумно го изменил и дополнил Договорот од 29 декември 2007 г. особено преку воведување на нов член кој вели:
„Двете земји преземаат обврска да организираат поморски патроли со заеднички посади составени од еднаков број на италијански и либиски персонал, со еднакво искуство и вештини. Патролите ќе се спроведуваат во либиски и меѓународни води под надзор на либиски персонал и со учество на италијански членови на посадата, и во италијански и меѓународни води под надзор на италијански персонал и со учество на либиски членови на посадата.
Сопственоста на бродовите понудени од Италија во рамките на значењето на членот 3 од Договорот од 29 декември 2007 г. дефинитивно ќе и се отстапи на Либија.
Двете земји презедоа обврска да ги репатрираат илегалните имигранти и да склучат договори со земјите на потекло со цел да ја ограничат нелегалната имиграција.“
20. На 30 август 2008 г. во Бенгази, Италија и Либија потпишале Спогодба за пријателство, партнерство и соработка, чиј член 19 ги уредува напорите за спречување на нелегална имиграција во земјите на потекло на миграциските текови. Согласно членот 6 од Спогодбата, Италија и Либија се обврзале да дејствуваат во согласност со принципите на Повелбата на Обединетите нации и Универзалната декларација за човекови права.
21. Според изјавата од италијанскиот министер за одбрана договорите меѓу Италија и Либија биле суспендирани по настаните во 2011 година.
III. РЕЛЕВАНТНИ АСПЕКТИ НА МЕЃУНАРОДНОТО И ЕВРОПСКОТО ПРАВО
А. Женевската конвенција од 1951 г. за статусот на бегалците („Женевската конвенција“)
22. Италија ја има ратификувано Женевската конвенција која ги дефинира ситуациите во кои една држава мора да им додели бегалски статус на лицата кои го побарале тоа, како и правата и обврските на тие лица. Членовите 1 и 33 § 1 од женевската конвенцијата уредуваат:
Член 1
„За целите на оваа Конвенција, терминот ‘бегалец’ ќе се применува за секое лице кое... како резултат на основан страв дека ќе биде прогонувано заради расата, верата, националноста, членувањето во одредена општествена група или политичко мислење, е надвор од земјата на која е државјанин и не е во можност, или како резултат на тој страв, не волен да ја искористи заштитата од таа земја; или лице кои, затоа што нема државјанство и е надвор од земјата во која претходно имал вообичаено место на живеење како резултат на таквите случувања, не е во можност, или како резултат на тој страв, не сака да се врати таму.“
Член 33 § 1
„1. Ниедна држава-потписник нема да протера или да врати (‘refouler’) бегалец на било кој начин на границите на териториите каде неговиот живот или слобода ќе бидат загрозени поради неговата раса, вера, националност, членство во одредена општествена група или политичко мислење.“
23. Во својата забелешка за меѓународната заштита од 13 септември 2001 (A/AC.96/951, § 16) УНХЦР, кој има за задача да го следи начинот на кој државите потписнички ја применуваат Женевската конвенција, посочи дека принципот на „не-враќање“ (non-refoulement) поставен во членот 33 опфаќа:
„...главен принцип на заштита втемелен во Конвенцијата на кој не се дозволени резерви. На многу начини принципот е логично надополнување на правото да се бара азил признато во Универзалната декларација за човекови права. Се смета за правило на обичајното меѓународно право кое ги обврзува сите држави. Исто така меѓународното право за човековите право го воспостави не-враќањето како основна компонента на апсолутна заштита од мачење и сурово, нечовечно и понижувачко постапување или казнување. Обврската за не-враќање исто така е призната за примена на бегалците без разлика на нивното формално признавање, со што очигледно се вклучуваат и барателите на азил чиј статус сè уште не е утврден. Тој ги вклучува сите мерки што можат да и се препишат на една држава а кои можат да имаат како последица враќање на барател на азил или на бегалец на границите на територии каде неговиот или нејзиниот живот или слобода би биле загрозени или каде тој или таа би биле соочени со ризик од прогон. Ова вклучува и одбивање на границата, пресретнување и индиректно враќање, било на поединец кој бара азил или во ситуација на масовен прилив.“
Б. Конвенцијата на Обединетите нации од 1982 г. за поморското право („Конвенцијата од Монтего Беј“)
24. Релевантните членови од Конвенцијата од Монтего Беј уредуваат:
Член 92
Статус на бродовите
„1. Бродовите ќе пловат под знамето само на една држава и, освен во исклучителни случаи строго предвидени во оваа Конвенција, ќе бидат предмет на нивната исклучива јуриздикција на отворено море ...“
Член 94
Обврски на земјата под чие знаме плови бродот
„1. Секоја држава делотворно ќе ја применува својата јуриздикција и контрола во однос на административни, технички и социјални прашања на бродовите што пловат под нејзино знаме.
...”
Член 98
Обврска за давање помош
„1. Секоја држава ќе бара од заповедникот на бродот што плови под нејзино знаме во рамките на своите можности и без да го стави бродот, посадата или патниците во сериозна опасност:
а) да му помогне на секое лице кое ќе го најде во опасност да биде изгубено на море;
б) да преземе активности со сета можна брзина да ги спаси лицата што се во опасност, доколку дознае за нивната потреба од помош, во рамките на тоа колку таквото дејствие се очекува од него во разумни мерки;
...”
В. Меѓународната конвенција за поморско пребарување и спасување од 1979 г. („Конвенцијата ПАС“) (изменета и дополнета во 2004 г.)
25. Потстав 3.1.9 од Анексот на Конвенцијата ПАС уредува:
„Земјите потписнички ќе се координираат и ќе соработуваат за да им овозможат на заповедниците на бродовите кои даваат помош со тоа што ќе качат лица во неволја на море да бидат ослободени од своите обврски со минимално понатамошно отстапување од планираниот пат на бродот, под услов ваквото ослободување на заповедникот од обврските дополнително да не ги стави во опасност безбедноста на животите на море. Земјата потписничка одговорна за регионот на пребарување и спасување во кој таквата помош се дава ќе има примарна обврска да обезбеди таква координација и соработка со цел преживеаните на кои им било помогнато да се симнат од бродот што им помогнал и да се донесат на безбедна локација земајќи ги во предвид специфичните околности на случајот и насоките развиени од страна на Организацијата (Меѓународната поморска организација). Во тие случаи релевантните страни ќе организираат такво истоварување да биде спроведено веднаш штом истото ќе е разумно изводливо.“
Г. Протокол против шверц на мигранти по копно, море и воздушен пат кој ја дополнува Конвенцијата на Обединетите нации против транснационален организиран криминал („Протоколот од Палермо“) (2000)
26. Членот 19 § 1 од Протоколот од Палермо уредува:
„1. Ништо во овој Протокол нема да влијае на другите права, обврски и одговорности на државите и поединците според меѓународното право, вклучително хуманитарното право и меѓународното право за човекови права, особено онаму каде што може да се примени Конвенцијата од 1951 г. и Протоколот од 1967 г. за статусот на бегалците и принципот на невраќање како што е споменат таму.“
Д. Резолуцијата 1821 (2011) на Парламентарното собрание на Советот на Европа
27. На 21 јуни 2011 г. Парламентарното собрание на Советот на Европа усвои Резолуција за пресретнување и спасување на море на баратели на азил, бегалци и нелегални мигранти која го уредува следново.
„1. Чувањето на јужните граници на Европа стана регионален приоритет. Европскиот континент мора да се справи со релативно големите миграциски бранови по морски пат од Африка, кои пристигнуваат во Европа преку Италија, Малта, Шпанија, Грција и Кипар.
2. Мигранти, бегалци, баратели на азил и други ги ризикуваат своите животи за да дојдат до јужните граници на Европа, главно со бродови кои не се сигурни за пловидба по море. Овие патувања, секогаш организирани на нелегален начин, главно на бродови што не пловат под ничие знаме, ризикувајќи да паднат во рацете на кругови кои се занимаваат со шверц и трговија со мигранти, го отсликуваат очајот на патниците, коишто не можат да стигнат до Европа на законски и пред сè безбеден начин.
3.3. Иако бројот на пристигнати по морски пат драстично опадна во последниве години што резултираше со промена во миграциски патишта (особено кон копнените граници на Турција и Грција), Парламентарното собрание потсетувајќи се меѓу другото на својата Резолуција 1637 (2008) за луѓето што што пристигаат со брод во Европа: мешани миграциски струи по морски пат кон Јужна Европа, повторно ја изразува својата длабока загриженост за мерките што се преземаат за справување со пристигнувањето по морски пат на овие мешани миграциски струи. Многу луѓе што се нашле во неволја на море се спасени, а многумина што се обидоа да дојдат до Европа беа потиснати назад, но листата на инциденти со смртоносни последици – подеднакво предвидливи колку и трагични – е долга и речиси секојдневно станува сè подолга.
4. Исто така неодамнешните пристигнувања во Италија и Малта по немирите во Северна Африка потврдуваат дека Европа мора секогаш да биде подготвена да се соочи со можните бранови од големи размери на нелегални мигранти, баратели на азил и бегалци на своите јужни брегови.
5. Собранието забележува дека мерките за управување на овие пристигнувања по поморски пат создаваат бројни проблеми од кои пет се особено загрижувачки:
5.1. и покрај неколку релевантни меѓународни инструменти кои што се применуваат во оваа област и кои на задоволувачки начин ги поставуваат правата и обврските на државите и поединците што се применуваат во оваа област, толкувањата на нивната содржина се чини дека се разликуваат. Некои држави не се согласуваат со природата и опсегот на своите одговорности во одредени ситуации, а некои држави исто така ја ставаат под знак прашање примената на принципот на невраќање на отворено море;
5.2. иако апсолутниот приоритет во случај на пресретнување на море е брзо искрцување на спасените на „безбедно место“, поимот „безбедно место“се чини дека не се толкува на ист начин од страна на сите земји-членки. Сепак јасно е дека поимот „безбедно место“ не треба да се ограничи исклучиво на физичка заштита на луѓето, туку исто така тој неопходно вклучува и почитување на нивните основни права;
5.3. ваквиот вид на отстапувања директно ги ставаат во опасност животите на луѓето што треба да се спасат, особено со одлагање или спречување на мерките за спасување, и има шанса да ги одвратат морепловците од спасување на луѓе во неволја на море. Исто така тие можат да резултираат со повреда на принципот на невраќање во однос на низа лица, вклучително и некои кои имаат потреба од меѓународна заштита;
5.4. иако Европската агенција за управување со оперативната соработка на надворешните граници на земјите членки на Европската унија (Фронтекс) игра сè поголема улога во пресретнувањето на море, постојат несоодветни гаранции во однос на човековите права и обврски што произлегуваат од меѓународното право и правото на Европската унија во контекст на заедничките операции што таа ги координира;
5.5. конечно, овие пристигнувања по морски пат наметнуваат несразмерен товар врз земјите лоцирани на јужните граници од Европската унија. Целта на споделувањето на обврските на поправичен начин и поголемата солидарност во сферата на миграција меѓу европските држави е далеку од тоа дека е постигната.
6. Ситуацијата станува посложена со фактот дека овие миграциски текови се од мешана природа и затоа бараат специјализирани и прилагодени реакции чувствителни на заштита во согласност со статусот на оние што се спасуваат. За да се одговори на пристигањата по морски пат на соодветен начин и во согласност со релевантните меѓународни стандарди, државите мораат да го земат во предвид овој аспект во своите политики и активности за управување на миграцијата.
7. Собранието ги потсетува земјите членки на нивните обврски според меѓународното право, вклучително и Европската конвенција за човекови права (ETS No. 5), Конвенцијата на Обединетите нации за поморското право од 1982 г. и Женевската конвенција во врска со статусот на бегалците од 1951 г., и особено ги потсетува на принципот на невраќање и правото на барање азил. Собранието исто така ги повторува обврските на земјите потписнички на Меѓународната конвенција за безбедност на животот на море од 1974 година и Меѓународната конвенција за поморско пребарување и спасување од 1979 година.
8. Конечно и што е најважно, Собранието ги потсетува земјите членки дека имаат како морална така и законска обврска да ги спасат лицата во неволја на море без ни најмалку одлагања, и недвосмислено го повторува толкувањето дадено од Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР), која вели дека принципот на невраќање е еднакво применлив и на отворено море. Отвореното море не е простор каде што државите се ослободени од законските обврски, вклучително и оние што произлегуваат од меѓународното право за човекови права и меѓународното право за бегалци.
9. Соодветно на тоа Собранието ги повикува земјите членки кога спроведуваат поморски операции за чување на границите, било во контекст на спречувањето на шверц и трговија со луѓе или во врска со управувањето со границата, било во примената на de jure или de facto јуриздикција:
9.1. да ја исполнат, без исклучок и без одлагање, својата обврска за спасување на луѓе во неволја на море;
9.2. да обезбедат нивните политики и активности за управување со границите, вклучително и мерките за пресретнување да го препознаат измешаниот состав на струите на лица кои се обидуваат да ги преминат поморските граници;
9.3. да им гарантираат на сите пресретнати лица човечен третман и систематско почитување на нивните човековите права, вклучително и принципот за невраќање без разлика дали мерките за пресретнување се спроведени во рамките на нивните територијални води, на друга држава врз основа на ad hoc билатерален договор или на отворено море;
9.4. да се воздржат од секакви пракси што можат да бидат еднакви на директно или индиректно враќање, вклучително и на отворено море, во рамките на придржувањето на толкувањето на УНХЦР на екстериторијална примена на тој принцип и на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права;
9.5. да спроведат како приоритетно дејствие брзо истоварување на спасените лица на „безбедно место“ и да го толкуваат „безбедното место“ како место кое може да одговори на итните потреби на оние коишто се истовариле и на никаков начин да не ги загрозува нивните основни права, со оглед дека поимот „безбедност“ е поширок од чиста заштита од физичка опасност и исто така мора да ја земат во предвид димензијата на основните права на предложеното место за истоварување;
9.6. да гарантираат пристап до правична и делотворна процедура за азил за оние што се пресретнати, а на кои им е потребна меѓународна заштита;
9.7. да гарантираат пристап и помош, вклучително и процедури за азил за оние што се пресретнати, а кои се жртви на трговија со луѓе или се соочени со ризик да бидат предмет на трговија;
9.8. да обезбедат сместувањето во установи за притвор на оние што се пресретнати – секогаш со исклучување на малолетниците и ранливите категории – без разлика на нивниот статус, да е овластено од судските власти и да се случува само кога е неопходно и врз основи пропишани со закон, бидејќи не постои друга алтернатива и таквото сместување да е во согласност со минимумот стандарди и принципи утврдени во Резолуцијата на Собранието 1707 (2010) за притворање на барателите на азил и нелегалните мигранти во Европа;
9.9. да ги суспендираат сите билатерални договори кои можеби ги склучиле со трети држави доколку човековите права на оние што се пресретнати не се соодветно гарантирани со нив, особено правото на пристап до процедура за барање азил и секаде каде што ова може да биде еднакво на повреда на принципот на невраќање и да склучат нови билатерални договори кои конкретно ќе содржат такви гаранции на човековите права и мерки за нивен редовен и делотворен мониторинг;
9.10. да ги потпишат и ратификуваат, доколку веќе го немаат сторено истото, претходно споменатите релевантни меѓународни инструменти и да водат сметка за Насоките на Меѓународната поморска организација (ИМО) во врска со постапувањето со лицата спасени на море;
9.11.да ги потпишат и ратификуваат, доколку не го имаат веќе сторено тоа, Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе (CETS No. 197) и т.н. „Протокол од Палермо“ на Конвенцијата на Обединетите нации против транснационален организиран криминал (2000).
9.12. да обезбедат операциите на поморско набљудување на границите и мерките за гранична контрола да не влијаат врз конкретната заштита обезбедена со меѓународното право на ранливите категории како што се бегалците, лицата без државјанство, жените и децата без придружба, мигрантите, жртвите на нелегална трговија или во опасност да станат предмет на трговија, или жртвите на мачење и трауми.
10. Собранието е загрижено заради отсуството на јасност во врска со обврските на земјите од Европската унија и Фронтекс и отсуството на соодветни гаранции за почитување на основните права и меѓународните стандарди во рамките на заедничките операции координирани од страна на таа агенцијата. Иако Собранието ги поздравува предлозите претставени од Европската комисија за измени и дополнување на регулативата по која се води агенцијата, со гледиште за зајакнување на гаранциите за целосно почитување на основните права, тоа ги смета за несоодветни и би сакало на Европскиот парламент да му се додели обврската за надзор на активностите на агенцијата, особено во делот што се однесува на почитувањето на основните права.
11. Собранието исто така смета дека е неопходно да се вложат напори за отстранување на главните причини што ги тераат очајните луѓе да ги ризикуваат своите животи со тоа што се качуваат на бротчиња што пловат за Европа. Собранието ги повикува сите земји членки да ги зајакнат своите напори за промовирање на мир, владеење на правото и просперитетот во земјите од каде што потекнуваат потенцијалните имигранти и баратели на азил.
12. Конечно, со оглед на сериозните предизвици со кои се соочени приморските земји со нелегалното пристигнување по морски пат на мешани бранови на лица, Собранието апелира до меѓународната заедница, особено ИМО, УНХЦР, Меѓународната организација за миграција (ИОМ), Советот на Европа и Европската унија (вклучително и Фронтекс и Европската канцеларија за поддршка на азил):
12.1. да им обезбеди секаква потребна помош на тие држави во духот на солидарноста и споделувањето на обврските;
12.2. под покровителство на ИМО да направат конкретни напори за да се обезбеди постојан и усогласен пристап до меѓународното поморско право преку, меѓу другото, договор за дефиницијата и содржината на клучните услови и норми;
12.3. да воспостават меѓусекторска група со цел да се проучат и решат главните проблеми во областа на поморското пресретнување, вклучително и петте проблеми идентификувани во оваа резолуција, со што се утврдуваат јасни политички приоритети, кои обезбедуваат насоки за државите и другите релевантни актери и следење и оценување за примена на мерките за поморско пресретнување. Групата треба да биде составена од лица од ИМО, УНХЦР, ИОМ, Советот на Европа, Фронтекс и Европската канцеларија за поддршка на азил.“
Ѓ. Правото на Европската унија
1. Повелба на основните права на Европската унија (2000)
28. Членот 19 од Повелбата на основните права на Европската унија уредува:
Заштита во случај на отстранување, протерување или екстрадиција
„1. Колективните протерувања се забранети.
2. Никој не смее да биде отстранет, протеран или екстрадиран во држава во која постои сериозен ризик дека тој или таа ќе бидат подложени на смртна казна, мачење или друг вид нечовечни или понижувачки постапки или казнување.“
2. Шенгенскиот договор од 1985 година
29. Членот 17 од Шенгенскиот договор уредува:
„Во врска со движењето на лица, земјите потписнички ќе вложат напори за укинување на контролите на заедничките граници и да ги пренесат на своите надворешни граници. За таа цел тие ќе се обидат од напред, онаму каде што е потребно, да ги усогласат законите и административните одредби во врска со забраните и ограничувањата коишто ја формираат основата на контролата, и да преземат мерки коишто се надополнуваат во насока на заштита на безбедноста и борба против нелегалната имиграција од државјани на држави што не се членки на Европската заедници.“
3. Регулатива на Советот (ЕС) бр. 2007/2004 од 26 октомври 2004 г. за формирање на Европска агенција за управување со оперативната соработка на надворешните граници на земјите членки на Европската унија (ФРОНТЕКС)
30. Регулативата (ЕС) бр. 2007/2004 ги содржи следниве одредби:
„(1) Политиката на Заедницата на полето на надворешните граници на ЕУ има за цел интегрирано управување заради обезбедување на еднообразна контрола и набљудување на високо ниво, што е неопходно како последица на слободното движење на лицата во рамките на Европската унија и основна компонента на една област на слобода, безбедност и правда. За оваа цел предвидено е воспоставувањето на заеднички правила во однос на стандардите и процедурите за контрола на надворешни граници
(2) Ефикасното спроведување на заедничките правила бара зголемена координација на оперативната соработка меѓу земјите членки.
(3) Земајќи ги во предвид искуствата на Заедничката единица за надворешните граници која дејствува во рамките на Советот треба да биде основано специјализирано експертско тело со задача за подобрување на координацијата на оперативната соработка меѓу земјите членки во областа на управувањето со надворешните граници во форма на Европската агенција за управување со оперативната соработка на надворешните граници на земјите членки на Европската унија (во понатамошниот текст Агенцијата).
(4) Одговорноста за контролата и набљудувањето на надворешните граници е во рацете на земјите членки. Агенцијата треба да ја олесни примената на постоечките и идните мерки на Заедницата за управување со надворешните граници со обезбедување на координација на активностите на земјите членки во спроведувањето на тие мерки.
(5) Делотворната контрола и набљудување на надворешните граници е прашање од апсолутна важност за земјите членки без разлика на нивната географска позиција. Соодветно на тоа постои потреба за промовирање на солидарност меѓу земјите членки на полето на управувањето со надворешните граници. Формирањето на Агенција која им помага на земјите членки со спроведувањето на оперативните аспекти на управувањето со надворешната граница, вклучително и враќањето на државјани на трета земја кои нелегално престојуваат во земјите членки претставува важен чекор во оваа насока.“
4. Регулатива (ЕС) бр. 562/2006 на Европскиот парламент и Советот од 15 март 2006 г. со која се воспоставува Кодексот на Заедницата за правилата кои го регулираат движењето на лицата преку граници (Шенгенскиот граничен кодекс)
31. Членот 3 од Регулативата (ЕС) бр. 562/2006 уредува:
„Оваа Регулатива ќе важи за секое лице што преминува внатрешна или надворешна граница на земјите членки без да им се наштети на:
(а) правата на лицата коишто го уживаат правото на Заедницата за слободно движење;
(б) правата на бегалците и лицата коишто бараат меѓународна заштита особено во однос на невраќањето.“
5. Одлука на Советот од 26 април 2010 година како дополнение на Шенгенскиот граничен кодекс во однос на чувањето на поморските надворешни граници во контекст на оперативната соработка координирана од Европската агенција за управување со оперативната соработка на надворешните граници на земјите членки на Европската унија (2010/252/EU)
32. Прилогот на Одлуката на Советот од 26 април 2010 година вели:
„Правила за операции долж поморските граници координирани од Агенцијата [ФРОНТЕКС]
1. Општи принципи
1.1. Мерките што се преземени во рамките на операција за набљудување ќе се спроведат во согласност со основните права и на начин кој не ја става во опасност безбедноста на лицата што се пресретнати или спасени како и на единиците што учествуваат.
1.2. Никој нема да биде истоварен или на друг начин предаден на властите на земја во која се прекршува принципот на невраќање или кај која постои ризик од протерување или враќање во друга земја во која се прекршува тој принцип Без да се повреди ставот 1.1. лицата што се пресретнати или спасени ќе бидат информирани на соодветен начин, за да можат да ги кажат причините поради кои веруваат дека истоварувањето на предложеното место би претставувало повреда на принципот на невраќање.
1.3. Во текот на целата операција ќе се имаат во предвид посебните потреби на децата, жртвите на трговија, лицата со потреба од итна медицинска помош, лицата со потреба од меѓународна заштита и други лица што се во посебно ранлива ситуација.
1.4. Земјите членки ќе обезбедат граничарите што учествуваат во операциите на набљудување да се обучени за релевантните одредби од правото за човекови права и бегалци и да се запознаени со меѓународниот режим за пребарување и спасување.“
IV. МЕЃУНАРОДЕН МАТЕРИЈАЛ ЗА ПРЕСРЕТНУВАЊАТА НА ОТВОРЕНО МОРЕ СПРОВЕДЕНИ ОД ИТАЛИЈА И СИТУАЦИЈАТА ВО ЛИБИЈА
А. Соопштение за јавноста на Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци
33. На 7 мај 2009 г. УНХЦР го објавил следново соопштение за јавноста:
„УНХЦР во четвртокот изрази длабока загриженост заради судбината на околу 230 луѓе кои во средата биле спасени од италијански патролни бродови во Регионот за пребарување и спасување (ПИС) кој е под надлежност на Малта и ги испрати назад во Либија без соодветна проценка на нивните можни потреби за заштита. Спасувањето се случило на околу 35 наутички милји југоисточно од италијанскиот остров Лампедуза, но во рамките на малтешката ПАС зона.
Враќањето во Либија следело по цел ден жестоки дискусии меѓу малтешките и италијанските власти околу тоа кој е одговорен за спасувањето и симнувањето на луѓето од трите брода, кои биле во неволја. Иако биле поблиску до Лампедуза бродовите се наоѓале во областа за пребарување и спасување под надлежност на Малта.
Иако никакви информации не се достапни во врска со државјанствата на оние што се наоѓале на бродовите веројатно е дека меѓу нив се и луѓе на кои им е потребна меѓународна заштита. Во 2008 година проценети 75 проценти од оние што пристигаат во Италија поднесуваат барања за азил, а на 50% од истите им се доделува некаква форма на заштита.
„Апелирам до италијанските и малтешките власти и понатаму да овозможуваат луѓето што се спасени на море и на кои им е потребна меѓународна заштита да добијат целосен пристап до територија и процедури за азил,“ изјави Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци Антонио Гутереш.
Настанот означува битни промени во политиките на италијанските власти и претставува извор на многу сериозна загриженост. УНХЦР длабоко жали за отсуството на транспарентност во овој настан.
„Блиску соработуваме со италијанските власти во Лампедуза и на други места за да овозможиме луѓето што бегаат од војна и прогон да бидат заштитени во согласност со Женевската конвенција од 1951 г.,“ изјави Лоренс Џолс, претставникот на УНХЦР во канцеларијата во Рим. „Од особена важност е меѓународниот принцип на невраќање и понатаму да се почитува во целост.“
Дополнително, Либија не ја има потпишано Конвенцијата за бегалци од 1951 г. и нема функционален национален систем за азил. УНХЦР апелира до италијанските власти повторно да ја разгледаат својата одлука и да избегнат повторување на такви мерки.“
Б. Писмо од 15 јули 2009 г. од г-динот Жак Баро, потпретседател на Европската комисија
34. На 15 јули 2009 г. г-динот Жак Баро упатил писмо до претседателот на Комитетот на Европскиот парламент за граѓански слободи, правда и внатрешни работи како одговор на барањето за правно мислење во врска со „враќањето во Либија по море на различни групи на мигранти од страна на италијанските власти“. Во тоа писмо потпретседателот на Европската комисија го кажува следново:
„Според информациите со кои располага Комисијата, мигрантите во прашање биле пресретнати на отворено море.
Две групи на правила на Заедницата мораат да се разгледаат во врска со ситуацијата на државјаните на трети земји или лицата без државјанство коишто се обидуваат да влезат незаконски на територијата на земјите членки, од кои на некои можеби им е потребна меѓународна заштита.
Најпрво, законската регулатива на Заедницата на полето на азилот има за цел да ги штити правата на азил како што се утврдени во членот 18 од Повелбата за основните права на Европската унија, а во согласност со Женевската конвенција од 1951 г. во врска со статусот на бегалците и со други релевантни договори. Меѓутоа, законската регулатива, вклучително и Директивата од 2005 г. за процедурите за азил важи само за барања за азил направени на територијата на земјите членки коишто ги вклучуваат границите, просторите за транзит и во контекст на поморските граници, територијалните води на земјите членки. Последователно, јасно е од правна гледна точка дека законската регулатива на Заедницата на полето на азилот не важи во ситуации на отворено море.
Второ, Шенгенскиот граничен кодекс (СБЦ) бара од земјите членки да спроведуваат гранично набљудување заради спречување меѓу другото на нелегално преминувања на границата (член 12 од Регулативата на ЕС бр. 562/2006 (SBC)). Меѓутоа, таа обврска на Заедницата мора да се исполни во согласност со принципот на невраќање и без да им се наштети на правата на бегалците и на другите лица коишто бараат меѓународна заштита.
Комисијата смета дека активностите на набљудување на границата што се спроведуваат на море, било во територијалните води, блиската зона, ексклузивната економска зона или на отворено море, потпаѓаат во опсегот на примената на Шенгенскиот граничен кодекс. Во таа насока нашата прелиминарна правна анализа би сугерирала дека активностите на италијанските граничари кореспондираат на поимот „гранично набљудување“ како што е утврдено во член 12 од Шенгенскиот граничен кодекс бидејќи тие спречиле нелегално преминување на надворешна поморска граница од страна на засегнатите лица и како резултат на тоа биле вратени во третата земја од каде што тргнале. Според судската пракса на Европскиот суд на правдата, обврските на Заедницата мораат да се применуваат строго во согласност со основните права формирајќи дел од општите принципи на правото на Заедницата. Судот исто така појасни дека опсегот на примената на овие права во правниот систем на Заедницата мора да се утврди земајќи ја во предвид судската пракса на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Принципот на невраќање како што е протолкуван од ЕСЧП во основа значи дека земјите мораат да се воздржат од враќање на едно лице (директно или индиректно) во место каде што тој или таа би можел/а да се соочи со вистински ризик да биде подложен/а на мачење или нечовечно или понижувачко постапување. Исто така државите не можат да ги вратат назад на териториите каде што нивниот живот или слобода би биле загрозени заради расата, верата, националноста, членството во одредена социјална група или политичкото мислење. Обврската мора да се исполни кога ќе се спроведува некаква гранична контрола во согласност со Шенгенскиот граничен кодекс, вклучително и активности на гранично набљудување на отворено море. Судската пракса на ЕСЧП уредува дека дејствија спроведени на отворено море од страна на брод на една држава претставуваат случаи на екстериторијална јуриздикција и можат да повлечат одговорност на засегнатата држава.
Земајќи го во предвид претходното во врска со опсегот на јуриздикцијата на Заедницата, Комисијата ги повика италијанските власти да и достават дополнителни информации во врска со реалните околности на враќање на лицата засегнати во Либија и одредбите што се утврдени за да се обезбеди почитување на принципот на невраќање кога се спроведува билатералниот договор меѓу двете земји.“
В. Извештај на Комитетот на Советот на Европа за спречување на мачење
35. Од 27 до 31 јули 2009 г. делегација од Комитетот на Советот на Европа за спречување на мачење и нечовечно и понижувачко постапување или казнување (КСТ) ја посети Италија. За време на таа посета делегацијата разгледа различни прашања што произлегуваа од новата владина политика на море и враќањето во Либија на мигранти коишто се приближуваат кон јужната поморска граница на Италија. Делегацијата особено се фокусираше на системот на заштити коишто се воспоставени за да се обезбеди никој да не се испрати во земја за која што постои значителен основ да се верува дека таму тој или таа ќе се соочи со вистински ризик да биде подложен/а на мачење или малтретирање.
36. Во својот извештај изготвен на 28 април 2010 КСТ го изрази своето мислење дека политиката на Италија за пресретнување на мигранти на море и нивното присилување да се вратат во Либија или во други не-европски земји го повредува принципот на невраќање. Комитетот се изјасни дека Италија била обврзана од принципот на невраќање секаде каде што има јуриздикција, што вклучува и преку персоналот и бродовите ангажирани во граничната заштита или спасување на море, дури и кога дејствуваат надвор од својата територија. Исто така сите лица коишто доаѓаат под јуриздикција на Италија треба да добијат соодветна шанса и услови за барање на меѓународна заштита. Информациите достапни на КСТ упатуваат дека мигрантите пресретнати на море од страна на италијанските власти за време на разгледаниот период не добиле таква можност или инструменти. Напротив, лицата коишто биле потиснати назад во Либија во операциите спроведени од мај до јули 2009 г. биле лишени од правото да добијат индивидуална проценка на нивниот случај и делотворен пристап до системот за заштита на бегалците. Во врска со тоа КСТ забележа дека лицата кои го преживеале патувањето на море биле особено ранливи и честопати не биле во состојба во која од нив можело да се очекува веднаш да изразат желба да поднесат барање за азил.
Според извештајот на КСТ Либија не може да се смета за безбедна земја во смисла на правото за човекови права и бегалци; ситуацијата на лицата што се уапсени и притворени во Либија, вклучително и на мигрантите – коишто исто така биле изложени на можноста да бидат депортирани во други земји – беше посочено дека лицата кои биле потиснати назад во Либија биле соочени со ризик да бидат малтретирани.
Г. Извештај на Хјуман рајтс воч (Human Rights Watch)
37. Во подолгиот извештај објавен на 21 септември 2009 г. под наслов „Потиснати назад, малтретирани: присилното враќање на мигрантите со брод и барателите на азил од страна на Италија, Лошото постапување на Либија со мигрантите и барателите на азил“, Хјуман риајтс воч ја осуди италијанската пракса на пресретнување на бродови полни со мигранти на отворено море и нивно потиснување назад во Либија без да се направи проверка. Тој извештај исто така беше заснован врз резултатите од истражувањето објавено во 2006 г. под наслов „Либија, од каде доаѓа струјата. Злоупотреби на мигрантите, барателите на азил и бегалците“.
38. Според Хјуман рајтс воч, италијанските патролни чамци влечеле бротчиња со мигранти од меѓународните води без да утврдат дали на некои од нив можеби има бегалци, болни или повредени лица, бремени жени, деца без придружба или жртви на трговија и други форми на насилство. Италијанските власти ги присилувале мигрантите со бродови да се качат на либиски бродови или мигрантите ги носеле директно назад во Либија, каде што властите веднаш ги притворале. Некои од операциите биле координирани од Фронтекс.
Извештајот се засновал на интервјуа со 91 мигранти, баратели на азил и бегалци во Италија и Малта направени главно во мај 2009 г. и едно телефонско интервју со мигрант притворен во Либија. Претставници на Хјуман рајтс воч ја посетиле Либија во април, каде што се сретнале со владини претставници, но либиските власти не дозволиле да се организираат интервјуа со мигрантите во четири очи. Исто така властите не им дозволиле на Хјуман рајтс воч да посетат ниеден од многуте центри за притвор на мигранти во Либија и покрај бројните барања.
УНХЦР сега има пристап до затворот Мисрата каде главно се држат нелегални мигранти, а либиски организации обезбедуваат хуманитарни услуги таму. Меѓутоа нема формален договор па така нема ни гарантиран пристап. Исто така Либија нема закон за азил. Властите не прават разлика меѓу бегалците, барателите на азил и други нелегални мигранти.
39. Хјуман рајтс воч апелираше до либиските власти да ги подобрат ужасните услови на притвор во Либија, и да утврдат процедури за азил кои би биле во согласност со меѓународните стандарди за бегалци. Исто така ги повика италијанските власти, Европската унија и Фронтекс да обезбедат пристап до азил, вклучително и за оние што се пресретнати на отворено море и да се воздржат од враќање на оние што не се Либијци во Либија сè додека [нивното] постапување со мигранти, баратели на азил и бегалци во целост не ги задоволи меѓународните стандарди.
Д. Посета на Амнести интернешнал (Amnesty International)
40. Тим од Амнести Интернешнал ја посетила заради утврдување на фактите во Либија меѓу 15 и 23 мај 2009 г., прва посета од таков вид од 2004 г. во земјата од страна на организацијата која либиските власти ја имаат дозволено.
За време на таа посета, Амнести Интернешнал го посетил Центарот за притвор во Мисрата, околу 200 километри од Триполи во кој неколку стотици нелегални мигранти од други африкански земји биле држени во крајно пренатрупани услови и на кратко интервјуирале неколкумина од оние што биле држени таму. Многумина биле притворени откако биле пресретнати додека се обидувале да најдат начин да дојдат до Италија или други земји во јужна Европа, земји кои сметале на Либија и другите северно-африкански земји да ја сопрат струјата на нелегални мигранти од Субсахарска Африка за Европа.
41. Амнести интернешнал сметале дека е можно притворениците во Мисрата да вклучуваат и бегалци кои бегале од прогон и нагласиле дека со оглед дека Либија нема процедура за азил и не е потписничка на Конвенцијата за бегалци и нејзиниот Протокол од 1967 г., дека е можно странци, вклучително и оние на кои им е потребна меѓународна заштита, да се најдат надвор од заштитата на правото. Исто така немало можност за притворениците да поднесат жалби за мачење и други видови на малтретирање до надлежните судски власти.
На своите средби со либиските владини функционери Амнести интернешнал изразиле загриженост за притворот и наводното малтретирање на стотици, а можно и илјадници странски државјани за кои властите претпоставувале дека се нелегални мигранти и апелирале до нив да воспостават соодветни процедури за идентификување на барателите на азил и бегалците и да им обезбеди соодветна заштита. Амнести интернешнал исто така апелираше до либиските власти да сопрат со присилните враќања на странски државјани во земји во кои се соочени со ризик од сериозни повреди на човековите права и да изнајдат подобра алтернатива за притворот за оние странци кои не можеле да ги вратат во нивната земја на потекло од овие причини. Некои од еритрејските државјани кои сочинувале значителен број на странски државјани притворени во Мисрата им кажале на Амнести интернешнал дека таму биле држени веќе две години.
V. ДРУГИ МЕЃУНАРОДНИ МАТЕРИЈАЛИ КОИ ЈА ОПИШУВААТ СОСТОЈБАТА ВО ЛИБИЈА
42. Покрај овие што се цитирани горе бројни извештаи се објавени од национални и меѓународни организации и од невладини организации кои ги осудуваат условите на притворот и условите за живот на нелегалните мигранти во Либија.
Главните извештаи се:
(i) Human Rights Watch, “Stemming the Flow: Against Migrants, Asylum Seekers and Refugees”, September 2006 (Хјуман рајтс воч, „Од каде доаѓа струјата. Злоупотреби на мигрантите, барателите на азил и бегалците“, Септември 2006 г.);
(ii) United Nations Human Rights Committee, “Concluding Observations. Libyan Arab Jamahiriya”, 15 November 2007 (Комитетот за човекови права на Обединетите нации, „Заклучни забелешки. Либиската Арапска Џамахирија“, 15 ноември 2007 г.);
(iii) Amnesty International, “Libya – Amnesty International Report 2008”, 28 May 2008 (Амнести интернешнал, „Либија – Извештај на Амнести интернешнал за 2008 г.“, 28 мај 2008 г.);
(iv) Human Rights Watch, “Libya Rights at Risk”, 2 September 2008 (Хјуман рајтс воч, „Либија закана за правата“, 2 септември 2008 г.);
(v) US Department of State, “2010 Human Rights Report: Libya”, 4 April 2010 (Стејт департмент на САД, „Извештај за човековите права за 2010 г.: Либија“, 4 април 2010 г.).
VI. МЕЃУНАРОДНИ МАТЕРИЈАЛИ ШТО ЈА ОПИШУВААТ СОСТОЈБАТА ВО СОМАЛИЈА И ЕРИТРЕЈА
43. Главните меѓународни документи во врска со состојбата во Сомалија беа поднесени во случајот Суфи и Елми против Обединетото Кралство (Sufi and Elmi v. the United Kingdom nos. 8319/07 и 11449/07, §§ 80-195, 28 June 2011).
44. Различни извештаи ги осудуваат повредите на човековите права сторени во Еритреја. Тие посочуваат на сериозни повреди на човековите права од страна на еритрејските власти, имено своеволни апсења, мачење, нечовечни услови на притвор, присилна работа и сериозни ограничувања на слободата на движење, изразување и вероисповед. Овие документи исто така ја анализираат сериозната ситуација на Еритрејците кои успеале да избегаат во други земји како што се Либија, Судан, Египет и Италија и последователно се присилени да се вратат во сопствената земја.
Главните извештаи се:
(i) UNHCR, “Eligibility Guidelines for Assessing the International Protection Needs of Asylum-seekers from Eritrea”, April 2009 (УНХЦР, „Насоки за добивање право за оценка за потребите од меѓународна заштита на барателите на азил од Еритреја“, април 2009 г.);
(ii) Amnesty International, “Eritrea – Amnesty International Report 2009”, 28 May 2009 (Амнести интернешнал, „Еритреја – Извештај на Амнести интернешнал за 2009 г.“, 28 мај 2009 г.);
(iii) Human Rights Watch, “Service for Life, State Repression and Indefinite Conscription in Eritrea”, April 2009 (Хјуман рајтс воч, „Доживотна служба, државна репресија и непрекинато регрутирање во војска во Еритреја“, април 2009 г.);
(iv) Human Rights Watch, “Libya, Don’t Send Eritreans Back to Risk of Torture”, 15 January 2010 (Хјуман рајтс воч, „Либија, не ги враќајте Еритрејците назад изложувајќи ги на ризик од мачење“);
(v) Human Rights Watch, “World Report 2010: Eritrea”, January 2010 (Хјуман рајтс воч, „Светски извештај за 2010: Еритреја“, јануари 2010 г.).
ПРАВОТО
I. ПРЕЛИМИНАРНИ ПРАШАЊА ПОСОЧЕНИ ОД ВЛАДАТА
А. Веродостојноста на полномошните и понатамошно разгледување на жалбата
1. Прашања посочени од Владата
45. Владата ја оспори веродостојноста во различни аспекти на полномошните обезбедени од претставниците на жалителите. Најпрво, тие тврдеа дека повеќето полномошни содржеле формални грешки, имено:
(i) никакви детали околу датумот и местото, и во некои случаи, фактот дека датумот и местото се чинело дека биле напишани од истото лице;
(ii) бројот на жалбата не е посочен;
(iii) фактот дека идентитетот на жалителите бил посочен само со презимето, личното име, државјанството, нечитлив потпис и отпечаток од прст кој честопати бил нецелосен или тежок да се препознае;
(iv) нема детали за датумите на раѓање на жалителите.
46. Владата потоа се изјасни дека жалбата не содржела информации за околностите во кои полномошните биле изготвени и заради тоа имало сомнеж во однос на нивната веродостојност, ниту некакви информации во врска со чекорите преземени од претставниците на жалителите за утврдување на идентитетот на нивните клиенти. Владата исто така го оспори квалитетот на постоечкиот контакт меѓу жалителите и нивните претставници. Тие особено тврдеа дека електронските пораки испратени од жалителите после нивниот трансфер во Либија немале потписи коишто би можеле да се споредат со оние што се наоѓаат на полномошните. Според Владата проблемите на коишто наишле адвокатите при воспоставувањето и одржувањето на контактите со жалителите спречиле акузаторно испитување на случајот.
47. Со оглед на тоа, бидејќи било невозможно да се идентификуваат жалителите и бидејќи жалителите не „учествувале во случајот лично“, Судот требал да го прекине разгледувањето на случајот. Упатувајќи на случајот на Хусун и други против Италија (Hussun and Others v. Italy ((striking out), nos. 10171/05, 10601/05, 11593/05 and 17165/05, 19 January 2010), Владата побара Судот да го отфрли случајот од листата.
2. Аргументите на жалителите
48. Претставниците на жалителите тврдеа дека полномошните биле валидни. Тие најпрво тврдеа дека формалните грешки наведени од Владата не биле такви за да се поништат полномошните кои им биле дадени од нивните клиенти.
49. Што се однесува до околностите во кои полномошните биле подготвени тие тврделе дека полномошните биле изготвени од страна на жалителите при нивното пристигнување во Либија, со помош на членовите на хуманитарни организации што функционираат во различни центри за притвор. Вториве последователно се погрижиле да стапат во контакт со претставниците на жалителите и да им ги достават полномошните за да ги потпишат и да ги прифатат доделените полномошни.
50. Тие тврдеа дека проблемот во врска со идентификацијата на засегнатите странки директно произлегле од предметот на жалбата, имено операција на колективно потиснување во рамките на која не биле преземени никакви чекори од напред да се идентификуваат нелегалните мигранти. Без разлика на околностите, адвокатите на Судот му посочиле на фактот дека значителен број на жалители биле идентификувани од канцеларијата на УНХЦР во Триполи по пристигнувањето во Либија.
51. И конечно, адвокатите изјавија дека тие останале во контакт со некои од жалителите со кои можат да контактираат по телефон или електронска пошта. Тие посочија на сериозните проблеми со кои биле соочени во одржувањето на контакт со жалителите, особено заради насилството кое се раширило во Либија од февруари 2011 година.
3. Оценка на Судот
52.Судот повторува на самиот почеток дека претставникот на жалителот мора да достави „полномошно или писмено овластување за делување“ (правило 45 § 3 од Деловникот на судот). Едноставно писмено овластување би било валидно за потребите на постапките пред Судот, освен ако не се покаже дека било изготвени без знаење и согласност на жалителот (види Velikova v. Bulgaria, no. 41488/98, § 50, ECHR 2000-VI).
53. Исто така, ниту Конвенцијата ниту Деловникот на Судот не наметнуваат некакви посебни услови во однос на начинот на кој овластувањето треба да се изработи или да бараат некаква форма на потврда на тој документ од некакво национално тело. Она што е важно за Судот е тоа дека формата на овластување треба јасно да покажува дека жалителот му го доверил на својот претставник пред Судот своето застапување и дека претставникот го прифатил тој ангажман (види Ryabov v. Russia, no. 3896/04, §§ 40 and 43, 31 January 2008).
54. Во актуелниот случај, Судот забележува дека сите полномошни во досието биле потпишани и имале отпечаток од прст. Исто така адвокатите на жалителите обезбедиле детални информации во текот на постапката за фактите и судбината на жалителите со коишто тие имале можност да одржат контакт. Нема ништо во досието на случајот што може да го стави под прашање објаснувањето на адвокатите или размената на информациите со Судот (види го случајот Хусун, цитиран горе, §§ 43‑50).
55. Во околностите, Судот нема причини да се сомнева во веродостојноста на полномошното. Последователно тој го одбива приговорот на Владата.
56. Исто така Судот забележува дека според информациите обезбедени од адвокатите, двајца од жалителите, г-динот Мохамед Абукар Мохамед и г-дин Хасан Шариф Абирахман (бр. 10 и бр. 11 на листата) починале набрзо по поднесувањето на жалбата (види во параграф 15 горе).
57. Тој посочува дека праксата на Судот е да отфрла жалби од листата кога еден жалител ќе почине во текот на постапката и ниеден наследник или близок роднина не сака да продолжи со случајот (види ги, меѓу другите извори, Scherer v. Switzerland, 25 March 1994, §§ 31-32, Series A no. 287; Öhlinger v. Austria, no. 21444/93, Commission Report of 14 January 1997, § 15 (unreported); Thévenon v. France (dec.), no. 2476/02, ECHR 2006-III; и Léger v. France (striking out) [GC], no. 19324/02, § 44, 30 March 2009).
58. Во контекст на околностите на случајот Судот смета дека повеќе не е оправдано да се продолжи со испитувањето на жалбата во врска со починатите (член 31 § 1 (в) од Конвенцијата). Исто така тој посочува дека жалбите на почетокот поднесени од г-дин Мохамед Абукар Мохамед и г-дин Хасан Шариф Абирахман се идентични на оние поднесени од другите жалители во однос на кои подолу го дава своето мислење. Во овие околности Судот не гледа никаков основ поврзан со почитувањето на човековите права обезбеден од Конвенцијата и нејзините Протоколи кои во согласност со Членот 37 § 1 in fine, ќе побара продолжување на испитувањето на жалбите на починатите жалители.
59. Како заклучок Судот одлучи да го отфрли делот од случајот од листата што се однесува на Мохамед Абукар Мохамед и Хасан Шариф Абирахман и да продолжи со испитување на остатокот на жалбата.
Б. Примена на домашни правни лекови
60. На расправата пред Големиот судски совет Владата се изјасни дека жалбата била недопуштена бидејќи домашните правни лекови не биле исцрпени. Тие тврдеа дека жалителите не успеале да се пожалат пред италијанските судови за да побараат признавање на наводните повреди на Конвенцијата и надоместок за истите.
61. Според гледиштето на Владата, со оглед дека жалителите сега се слободни да се движат наоколу и се во позиција да стапат во контакт со своите адвокати во контекст на постапките пред Судот, требало да иницираат постапки пред италијанските кривични судови со жалби за повреда на домашното и меѓународното право од страна на воениот персонал вмешан во нивното отстранување. Во моментот во тек биле кривичните постапки за слични случаи и таквиот вид на правен лек бил „делотворен“.
62. Судот забележува дека жалителите исто така се пожалиле дека не им бил обезбеден правен лек кој ги задоволувал условите дадени во членот 13 од Конвенцијата. Тој смета дека постои тесна врска меѓу аргументот на Владата во однос на ова прашање и основаноста на жалбите на жалителите поднесени во однос на членот 13 од Конвенцијата. Затоа го зазема ставот дека е неопходно да се поврзе овој приговор со основаноста на жалбите поднесени во согласност со членот 13 од Конвенцијата и да се испита жалбата во овој контекст (види во параграф 207 долу).
II. ПРАШАЊЕТО НА ЈУРИЗДИКЦИЈАТА СПОРЕД ЧЛЕНОТ 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
63. Членот 1 од Конвенцијата уредува:
„Високите страни договорнички им ги обезбедуваат на сите лица под нивна јуриздикција правата и слободите дефинирани во Делот I на оваа Конвенција.“
А. Изјаснување на странките
1. Владата
64. Тужената Влада призна дека настаните во прашање се случиле на италијански воени бродови. Меѓутоа тие ги отфрлија тврдењата дека италијанските власти имале „апсолутна и исклучива контрола“ врз жалителите.
65. Тие се изјаснија дека бродовите што ги носеле жалителите биле пресретнати во контекст на спасувањето на отворено море на лица во неволја – што претставува обврска наметната од меѓународното право, имено Конвенцијата на Обединетите нации за поморското право („Конвенцијата од Монтего Беј“) – и во никакви околности не може да се опише како поморска полициска операција.
Италијанските бродови се ограничиле да интервенираат во насока на помош за трите брода и обезбедување на безбедност за лицата на бродовите. Тие потоа ги придружувале пресретнатите мигранти до Либија во согласност со билатералните договори од 2007 и 2009 година. Владата тврдеше дека обврската за спасување на животи на отворени море во согласност со Конвенцијата од Монтего Беј сама по себе не креирала врска меѓу Државата и засегнатите лица и со тоа не се воспоставувале јуриздикција на државата.
66. Што се однесува до „спасувањето“ на жалителите што сè на сè не траело подолго од десет часа, за време на кое властите на засегнатите странки им ја обезбедила потребната хуманитарна и медицинска помош и во никакви околности не употребила насилство; тие не се качиле на бродовите и не употребиле оружје. Владата заклучи дека жалбата во актуелниот случај се разликувала од случајот на Медведјев и други против Франција (Medvedyev and Others v. France [GC], no. 3394/03, ECHR 2010) во кој Судот потврдил дека жалителите потпаднале под француска јуриздикција со оглед на целосната и исклучива природа на контролата применета од страна на Франција врз бродот на отворено море и врз неговиот посада.
2. Жалителите
67. Жалителите се изјасниле дека било јасно дека во актуелниот случај Италија имала јуриздикција. Штом се качиле на италијанските бродови тие биле под исклучива контрола на Италија, и затоа била обврзана да ги исполни сите обврски што произлегуваат од Конвенцијата и протоколите од истата.
Тие посочија дека член 4 од италијанскиот Законик за навигација изречно уредувал дека бродовите што пловат под италијанско знаме потпаѓаат под италијанска јуриздикција дури и кога пловат надвор од територијалните води.
3. Трета странка што интервенира
68. Третата странка што интервенира сметаше дека во согласност со принципите на обичајното право и судската пракса на Судот, обврската на државите да не враќаат баратели на азил, дури и „потенцијални“ баратели на азил и да им обезбедат пристап до правична расправа биле екстериторијални во својот опсег.
69. Според меѓународното право во врска со заштитата на бегалците одлучувачки тест во воспоставувањето на одговорноста на Државата не било дали лицето што се враќа било на територија на државата туку дали лицето потпаѓало под делотворна контрола и надлежност на таа држава.
Третата странка што интервенирала упатила на судската пракса на Судот во врска со член 1 од Конвенцијата и екстериторијалниот опсег на поимот „јуриздикција“ и на заклучоците на други меѓународни власти. Тие ја нагласија важноста од избегнување на двојни аршини на полето на заштитата на човековите права и да се обезбеди една држава да не е овластена да врши дејствија надвор од својата територија што никогаш не би биле прифатливи во рамките на таа територија.
B. Оценка на Судот
1. Општи принципи кои владеат во однос на јуриздикцијата во рамките на значењето на член 1 од Конвенцијата
70. Според член 1 од Конвенцијата она што преземаат земјите потписнички е да му „обезбедат“ (на француски „reconnoitre“) секому во рамките на својата „јуриздикција“ права и слободи дефинирани во членот I (види Soering v. the United Kingdom, 7 July 1989, § 86, Series A no. 161, и Banković and Others v. Belgium and 16 Other Contracting States (dec.), [GC], no. 52207/99, § 66, ECHR 2001-XII). Примената на јуриздикцијата е неопходен услов за државата договорничка да може да се смета за одговорна за дејствија или пропусти кои можат да и се препишат, а кои водат кон тврдења за повреда на правата и слободите утврдени со Конвенцијата (види Ilaşcu and Others v. Moldova and Russia [GC], no. 48787/99, § 311, ECHR 2004‑VII).
71. Јуриздикцијата на државата во рамките на значењето на членот 1 е во основа територијална (види во случајот Банковиќ и други, цитиран горе, §§ 61 и 67, и Иласку и други, цитиран горе, § 312). Се претпоставува дека бил применуван нормално на целата територија на државата (види во случајот Иласку и други, цитиран горе, § 312, и Assanidze v. Georgia [GC], no. 71503/01, § 139, ECHR 2004-II).
72. При држењето до во основа територијалното сфаќање на јуриздикцијата Судот прифати само во исклучителни случаи дејствијата на државите договорнички извршени, или кои предизвикале последици надвор од нивната територија, да можат да претставуваат примена на јуриздикција од нивна страна во рамките на значењето на членот 1 од Конвенцијата (види Drozd and Janousek v. France and Spain, 26 June 1992, § 91, Series A no. 240; Банковиќ и други, одлуката е цитирана горе, § 67; и Иласку и други, цитиран горе, § 314).
73. Во својата прва пресуда во случајот Лоизиду (прелиминарни приговори), Судот пресуди дека со оглед на предметот и целта на Конвенцијата, одговорноста на земјата договорничка може исто така да произлезе кога како последица од воена акција – било законска или незаконска – таа применува делотворна контрола врз област надвор од својата национална територија (види Loizidou v. Turkey (preliminary objections) [GC], 23 March 1995, § 62, Series A no. 310), која без разлика на пресудата, со оглед дека во Банковиќ и други, само екстериторијалното дејствие на лице место е во прашање, со оглед дека формулацијата во член 1 не овозможува таков пристап кон „јуриздикцијата“ (види ја одлуката цитирана горе, § 75). Во секој случај прашањето дали постојат вонредни околности коишто бараат и оправдуваат наод од Судот дека државата применила јуриздикција екстериторијално мора да се утврди со упатување на конкретни факти, на пример целосна и исклучива контрола врз затвор или брод (види Al-Skeini and Others v. the United Kingdom [GC], no. 55721/07, § 132 and 136, ECHR 2011; Медведјев и други, цитиран горе, § 67).
74. Секогаш кога државата преку своите агенти кои дејствуваат надвор од својата територија применува контрола и надлежност врз поединец, и со тоа применува јуриздикција, Државата има обврска според член 1 да му ги обезбеди на тој поединец правата и слободите согласно член 1 од Конвенцијата којшто е релевантен за состојбата на тој поединец. Во таа смисла, затоа, Судот сега прифати дека правата на Конвенцијата можат да бидат „поделени и прилагодени“ (види го случајот Ал-Скеини и други, цитиран горе, § 136 и137; спореди го Банковиќ и други, цитиран горе, § 75).
75. Постојат други примери во судската пракса на Судот за екстериторијалната примена на јуриздикцијата од страна на една држава во случаи кои вклучуваат активности на своите дипломатски или конзуларни агенти во странство и на авион и бродови регистрирани во таа земја или кои пловат под знамето на таа земја. Во овие конкретни ситуации Судот базирајќи се врз обичајното меѓународно право и одредбите од спогодбите, препознава екстериторијална примена на јуриздикцијата од страна на релевантната држава (види гво случајот Банковиќ и други, одлуката е цитирана горе, § 73, и Медведјев и други, цитиран горе § 65).
2. Примена во актуелниот случај
76. Пред Судот не се оспорува дека настаните во прашање се случиле на отворено море, на воени бродови кои пловеле под италијанско знаме. Тужената Влада признава исто така дека бродовите на Финансиската полиција и Крајбрежната стража на кои жалителите биле качени биле под целосна италијанска јуриздикција.
77. Судот забележува дека по основ на релевантните одредби од поморското право, еден брод што плови на отворено море е предмет на исклучива јуриздикција на Државата под чие знаме плови. Овој принцип на меѓународното право го доведе Судот да согледа, во случаи во врска со дејствија спроведени на бродови кои пловеле под знамето на една држава на ист начин како на регистриран авион, случаи на екстериторијална примена на јуриздикција на државата (види го параграф 75 горе). Кога има контрола врз некој друг, ова е de jure контрола применета од државата во прашање врз засегнатите поединци.
78. Судот забележува понатаму дека гореспоменатиот принцип е втемелен во домашното право во членот 4 од италијанскиот Законик за навигација и не е оспорен од страна на тужената Влада (види го параграф 18 горе). Тој заклучува дека актуелниот случај навистина претставува случај на екстериторијална примена на јуриздикција од страна на Италија која е способна да ја примени таа обврска на државата според Конвенцијата.
79. Исто така Италија не може да ја заобиколи својата „јуриздикција“ според Конвенцијата со опишување на настаните во прашање како операции за спасување на отворено море. Конкретно Судот не може да го прифати аргументот на Владата дека Италија не била одговорна за судбината на жалителите на сметка на наводно минималната контрола применета од страна на властите врз засегнатите странки во материјалното време.
80. Во таа насока доволно е да се забележи дека во случајот на Медведјев и други, цитиран горе, настаните во прашање се случиле на бродот Винер, кој пловел под знаме на трета земја но чија посада била ставена под контрола на францускиот воен персонал.
Во конкретните околности на тој случај, Судот ја испитал природата и опсегот на дејствијата спроведени од страна на француските службени лица со цел да утврди дали имало барем de facto континуирана и непрекината контрола применета од Франција врз Винер и неговата посада (ибид, §§ 66 и 67).
81. Судот забележува дека во актуелниот случај настаните се случиле во целост на бродовите на италијанските вооружени сили, чија посада била составена исклучиво од италијански воен персонал. Според мислењето на Судот во периодот меѓу качувањето на бродови на италијанските вооружени сили и нивното предавање на либиските власти, жалителите биле под континуирана и исклучива de jure и de facto контрола на италијанските власти. Шпекулирањето околу природата и целта на интервенцијата на италијанските бродови на отворено море не би го довела Судот кон ниеден друг заклучок.
82. Соодветно на тоа, настаните од кои произлегле наводните повреди потпаѓаат под „јуриздикција“ на Италија во рамките на значењето на членот 1 од Конвенцијата.
III. НАВОДНИ ПОВРЕДИ НА ЧЛЕНОТ 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
83. Жалителите се жалеле дека биле изложени на ризик од мачење или нечовечно или понижувачко постапување во Либија и во своите земји на потекло, имено, Еритреја и Сомалија како резултат на нивното враќање. Тие се повикаа на членот 3 од Конвенцијата којшто уредува:
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“
84. Судот забележува дека два различни аспекти на членот 3 од Конвенцијата се во прашање и дека мораат да бидат испитани посебно: прво, ризикот дека жалителите би страдале од нечовечно и понижувачко постапување во Либија, и второ опасноста да бидат вратени во своите земји на потекло.
А. Наводна повреда на членот 3 од Конвенцијата заради тоа што жалителите со оглед дека биле изложени на ризик од нечовечно и понижувачко постапување во Либија
1. Изјаснување на странките
(а) Жалителите
85. Жалителите тврделе дека биле жртви на своеволно враќање со што била повредена Конвенцијата. Тие изјавија дека не им била дадена шанса да го оспорат своето враќање во Либија и да побараат меѓународна заштита од италијанските власти.
86.Со оглед дека не добиле никакви информации за својата вистинска дестинација, жалителите биле убедени во текот на целото патување на италијанските бродови дека биле носени за Италија. Тие тврдеа дека биле жртви на вистинска „измама“ во таа смисла од страна на италијанските власти.
87. Не била возможна никаква процедура да се идентификуваат мигрантите и да се соберат информации во однос на нивните лични околности на бродовите. Во вакви околности никакво формално барање за азил не можело да се направи. Во секој случај при приближувањето кон либискиот брег жалителите и значителен број од другите мигранти го замолиле италијанскиот воен персонал да не ги симнува во Пристаништето на Триполи, од каде само што избегале и да ги земат за Италија.
Жалителите потврдиле дека тие сосема јасно ја изразиле својата желба да не бидат предадени на либиските власти. Тие го оспориле тврдењето на Владата дека таквото барање не можело да се смета за барање за меѓународна заштита.
88. Жалителите потоа тврдеа дека биле вратени во земја каде што постоеле доволно причини да се верува дека би биле подложени на постапување со кое би се прекршила Конвенцијата. Многу меѓународни извори биле пријавени како нечовечни и понижувачки услови во кои нелегалните мигранти, имено од сомалиско и еритрејско потекло биле држени во Либија, а нелегалните мигранти искусиле небезбедни услови за живот во таа земја.
Во таа насока жалителите упатиле на извештајот на Комитетот за спречување на мачење и нечовечно и понижувачко постапување или казнување („КСТ“) од април 2010 г. и текстовите и документите обезбедени од трети страни во врска со состојбата во Либија.
89. Според нив Италија не можела да не биде свесна за сè полошата ситуација кога ги потпишала билатералните договори со Либија и ги спровела операциите на потиснување кои се предмет овде.
90. Исто така стравовите и загриженоста на жалителките се покажале дека биле основани. Сите тие пријавиле нечовечни и понижувачки услови на притвор, а по нивното ослободување небезбедни услови за живеење поврзани со нивниот статус на нелегални имигранти.
91. Жалителите тврделе дека одлуката за потиснување на нелегалните мигранти што биле пресретнати на отворено море назад во Либија бил вистински политички избор од страна на Италија, насочен кон тоа да и се даде на полицијата главната одговорност за контрола на нелегалната имиграција игнорирајќи ја заштитата на основните права на засегнатите лица.
(б) Владата
92. Владата тврдеше најпрво дека жалителите не докажале соодветно дека биле подложени на постапување наводно спротивно на Конвенцијата. Затоа не можеле да бидат сметани за „жртви“ во рамките на значењето на членот 34 од Конвенцијата.
93. Тие продолжија со тврдењето дека жалителите биле префрлени во Либија во согласност со билатералните договори потпишани од Италија и Либија во 2007 и 2009 година. Тие билатерални договори биле одговор на сè поголемите миграциски текови меѓу Африка и Европа и биле потпишани во духот на соработката меѓу двете земји вмешани во борбата против илегалната имиграција.
94. Телата на Европската унија во повеќе прилики ја охрабрувале соработката меѓу медитеранските земји во контролата на миграцијата и борбата против криминалот поврзан со илегалната имиграција. Владата особено упатуваше на Резолуцијата на Европскиот парламент бр. 2006/2250 и Европскиот пакт за имиграција и азил усвоен од страна на Советот на Европската унија на 24 септември 2008 г., кои ја афирмираат потребата земјите од ЕУ да соработуваат и да воспостават партнерства со земјите на потекло и транзит со цел да се зајакне контролата на надворешните граници на ЕУ и во борбата против илегалната имиграција.
95. Владата се изјасни дека настаните од 6 мај 2009 г., кои биле причината за оваа жалба, биле извршени во контекст на операција за спасување на отворено море во согласност со меѓународното право. Тие изјавија дека италијански воени бродови интервенирале на начин конзистентен со Конвенцијата од Монтего Беј и Меѓународната конвенција за пребарување и спасување на море („ПИС Конвенцијата“) за справување со состојби од директна закана по бродовите и за да се спасат животите на жалителите и други мигранти.
Според гледиштето на Владата, правниот систем што надвладува на отворено море се карактеризираше со принципот за слобода на навигација. Во тој контекст беше неопходно да се идентификуваат засегнатите страни. Италијанските власти чисто ја обезбедиле потребната хуманитарна помош. Проверките на идентитетот на жалителите бил сведен на минимум бидејќи не била предвидена никаква поморска полициска операција на бродовите.
96. Во ниеден момент за време на нивниот трансфер до Либија жалителите не ја изразиле својата намера да побараат политички азил или некаква друга форма на меѓународна заштита. Владата тврдела дека барањето на жалителите да не бидат предадени на либиските власти не може да се толкува како барање за азил.
Во таа насока тие изјавија дека доколку засегнатите странки побарале азил тие би биле однесени на италијанска територија, како што било случајот со други операции на отворено море спроведени во 2009 година.
97. Владата исто така тврдеше дека Либија била безбедна земја домаќин. Во поддршка на таа изјава тие упатиле на фактот дека Либија ја ратификувала Меѓународната спогодба на Обединетите нации за граѓански и политички права, Конвенцијата на Обединетите нации против мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување и Конвенцијата на Африканската унија за заштита и помош на внатрешно раселените лица во Африка и на членството на Либија во Меѓународната организација за миграција (ИОМ).
Иако не е потписничка на Конвенцијата на Обединетите нации за статусот на бегалците, Либија сепак ги има овластено УНХЦР и ИОМ да отворат канцеларии во Триполи со што дозволиле на бројни баратели да им биде доделен бегалски статус и да добијат меѓународна заштита.
98. Владата го насочи вниманието на Судот на фактот дека кога Либија го ратификувала Договорот за пријателство, партнерство и соработка во 2008 г. таа изречно се согласила да се придржува на принципите на Повелбата на Обединетите нации и на Универзалната декларација за човекови права. Италија немала причини да верува дела Либија би ги избегнувала своите обврски.
Таквите околности и фактот дека канцелариите на УНХЦР и ИОМ биле присутни и активни во Триполи целосно ја оправдувале убеденоста на Италија дека Либија е безбедна земја домаќин за мигрантите пресретнати на отворено море. Исто така Владата не сметала дека признавањето на бегалски статус доделен од УНХЦР на бројни баратели, вклучително и некои од жалителите во овој случај е непобитен доказ дека состојбата во Либија во материјално време била во согласност со меѓународните стандарди за човекови права.
99. Владата призна дека состојбата во Либија се влошила по април 2010 година кога властите ја затвориле канцеларијата на УНХЦР во Триполи и дефинитивно се распаднала по настаните на почетокот од 2011 г., но навеле дека Италија веднаш сопрела со потиснувањето на мигрантите кон Либија и ги сменила аранжманите за спасување на мигранти на отворено море со тоа што од тој момент овластиле влез на италијанска територија.
100. Владата го оспорила постоењето на „владина пракса“ која според жалителите се состоела од своеволни трансфери во Либија. Во тој контекст тие ја опишаа жалбата како „политички и идеолошки жесток напад“ против дејствијата на италијанската Влада. Владата побара од Судот да ги испита само настаните од 6 мај 2009 г. и не да ги става под знак прашање овластувањата на Италија во однос на имиграциската контрола, област која тие ја сметаа за крајно чувствителна и сложена.
(в) Трета странка што интервенира
101. Потпирајќи се на изјавите на бројни директни сведоци, Хјуман рајтс воч и УНХЦР го осудија присилното враќање на илегални мигранти во Либија од страна на Италија. Во текот на 2009 г. Италија спровела девет операции на отворено море враќајќи 834 сомалиски, еритрејски и нигериски државјани во Либија.
102. Хјуман рајтс воч ја осуди состојбата во Либија во неколку прилики, пред сè во своите извештаи од 2006 и 2009 година. Организацијата изјави дека бидејќи во Либија немало национален систем за азил нелегалните мигранти биле систематски апсени и честопати предмет на мачење и физичко насилство, како и силувања. Прекршувајќи ги насоките на Обединетите нации за притвор, мигрантите честопати биле притворани на неограничено време и без судски надзор. Исто така условите во притворот биле нечовечни. Мигрантите биле мачени и не им била обезбедена никаква медицинска помош во различните кампови низ земјата. Во секој момент можеле да бидат вратени во својата земја на потекло или напуштени во пустината каде што ги чекала сигурна смрт.
103. АИРЕ Центарот, Амнести интернешнал и Меѓународната федерација за човекови права (ФИДХ) забележале дека извештаите од веродостојни извори во изминатите неколку години и понатаму демонстрираат дека состојбата со човековите права во Либија била ужасна, пред сè за бегалците, барателите на азил и мигрантите и особено за оние од одредени региони од Африка како што се Еритреја и Сомалија.
Трите странки што интервенираат сметаа дека постои „обврска за истрага“ кога има веродостојна информација од веродостојни извори дека притворот или условите за живеење во земјата што ги прима не се во согласност со членот 3.
Во согласност со принципот на pacta sunt servanda државата не може да ја избегне обврската што произлегува од Конвенцијата со тоа што ќе се потпре врз обврските што произлегуваат од билатерални или мултилатерални договори во врска со борбата против нелегалната имиграција.
104. УНХЦР изјави дека со оглед дека италијанските власти не обезбедиле детални информации во врска со операциите на потиснување, неколку сведоци интервјуирани од страна на Канцеларијата на Високиот комесар дале изјави слични на оние на жалителите. Особено, тие пријавиле дека за да ги охрабрат луѓето на италијанските бродови, италијанскиот воен персонал ги навел да веруваат дека ги носеле за Италија. Различни сведоци изјавиле дека биле врзани со лисици и подложени на насилство за време на нивниот трансфер на либиска територија и при пристигнувањето во центарот за притвор каде што биле чувани. Исто така, италијанските власти им ги конфискувале личните работи на мигрантите, вклучително и потврдите од УНХЦР за нивниот статус на бегалци. Различни сведоци исто така потврдиле дека побарале заштита и дека конкретно ги информирале италијанските власти за фактот за време на операциите.
105. УНХЦР потврдиле дека најмалку пет од жалителите што биле вратени во Либија после тоа успеале да се вратат во Италија, вклучително г-динот Ермиас Берхане на кој му бил доделен статус на бегалец во Италија. Исто така во 2009 г. канцеларијата на УНХЦР во Триполи им доделила статус на бегалци на седумдесет и тројца што биле вратени од Италија, вклучително и четиринаесет од жалителите. Тоа докажувало дека операциите спроведени од Италија на отворено море вклучувале вистински ризик од своеволно враќање на лицата кои имале потреба од меѓународна заштита.
106. Потоа УНХЦР се изјаснила дека ниеден аргумент на Италија за оправдување на враќањата не бил прифатлив. Ниту принципот за соработка меѓу државите во борбата против нелегалната трговија со мигрантите, ниту одредбите од меѓународното право на море во врска со безбедноста на човечките животи на море не ги ослободувале државите од нивната обврска да се придржуваат на принципите на меѓународното право.
107. Либија, транзитна и приемна земја за миграциските струи од Азија и Африка, на барателите на азил не им обезбедувала никаква форма на заштита. Иако била потписничка на одредени меѓународни инструменти за човекови права, едвај да се придржувала на своите обврски. Во отсуство на какви било правен систем за азил, активностите во таа област се спроведувале исклучиво од УНХЦР и нејзините партнери. И покрај тоа активностите на Канцеларијата на Високиот комесар никогаш не биле официјално признати од либиската влада, која во април 2010 г. им наредиле на УНХЦР да ја затворат својата канцеларија во Триполи и да ги прекинат своите активности.
Во такви околности либиската влада никогаш немала одобрено никаков формален статус на лица регистрирани од УНХЦР како бегалци и не им била гарантирана никаква форма на заштита.
108. До настаните во 2011 г. секој што бил сметан за нелегален имигрант бил држен во „центар за притвор“, од кои повеќето биле посетени од УНХЦР. Условите за живот во тие центри биле просечни и се карактеризирале со пренатрупаност и несоодветни санитарни услови. Таквата ситуација била влошена со операциите на потиснување назад, што дополнително ја влошило пренатрупаноста и довеле до понатамошно влошување на санитарните услови. Ова довело до значително поголема потреба за основна помош само за да ги одржи тие лица живи.
109. Според Клиниката за човекови права при Правниот факултет на Колумбија, иако илегалната имиграција по отворено море не била нова појава, меѓународната заедница сè повеќе ја согледува потребата од ограничување на имиграциските контролни пракси, вклучително пресретнувањето на море, кои можат да го попречат пристапот на мигрантите до заштита и со тоа да се изложат на ризик од мачење.
2. Оценка на Судот
(а) Допуштеност
110. Владата се изјасни дека жалителите не можеле да тврдат дека биле „жртви“ во рамките на значењето на членот 34 од Конвенцијата, за настаните на кои се жалеле. Тие го оспоруваа постоењето на вистински ризик дека жалителите би биле подложени на нечовечно и понижувачко постапување како резултат на нивното враќање во Либија. Опасноста требала да се процени врз основа на битни основи во врска со околностите на секој жалител. Информациите што биле обезбедени од засегнатите страни биле нејасни и недоволни.
111. Судот забележува дека прашањето посочено со овој прелиминарен приговор е тесно поврзано со оние што ќе мора да ги разгледа кога ќе ги испитуваат жалбите според членот 3 од Конвенцијата. Таа одредба бара Судот да утврди дали имало или не доволно основ за да се верува дека засегнатите страни биле соочени со вистински ризик да бидат подложени на мачење или нечовечно или понижувачко постапување откако биле потиснати назад. Ова прашање затоа треба да биде споено за да се испита во однос на основаноста.
112. Судот смета дека овој дел од жалбата наметнува сложени правни прашања и факт кои не можат да се утврдат без испитување на основаноста. Следи дека не е очигледно погрешно заснована во рамките на значењето на членот 35 § 3(a) од Конвенцијата. Ниту дека е недопуштена по некој друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена.
(б) Основаност
(i) Општи принципи
(α) Одговорност на државите договорнички во случаи на протерување
113. Според утврдената судска пракса на Судот земјите договорнички имаат право во согласност со добро воспоставеното меѓународно прави и предмет на нивните обврски од спогодбата, вклучително Конвенцијата да го контролираат влезот, престојот и протерувањето на странците (види ги, меѓу другите извори, Abdulaziz, Cabales and Balkandali v. the United Kingdom, 28 May 1985, § 67, Series A no. 94, и Boujlifa v. France, 21 October 1997, § 42, Reports of Judgments and Decisions 1997-VI). Судот исто така забележува дека правото на политички азил не е содржано ниту во Конвенцијата ниту во нејзините Протоколи (види Vilvarajah and Others v. the United Kingdom, 30 October 1991, § 102, Series A no. 215, и Ahmed v. Austria, 17 December 1996, § 38, Reports 1996-VI).
114. Меѓутоа протерувањето, екстрадицијата или некои други мерки за отстранување на еден странец можат да поттикнат прашање во врска со членот 3 и оттука да ја повлечат одговорноста на државата што протерува според Конвенцијата каде значителен основ е прикажан за да се поверува дека лицето во прашање доколку се протера би се соочило со вистински ризик да биде подложено на постапување спротивно на членот 3 во земјата во која е примено. Во такви околности членот 3 упатува на обврска да не се протера лице во таа земја (види во случајот Соеринг, цитиран горе, §§ 90-91; Вилварајах и други, цитиран горе, § 103; Ахмед, цитиран горе, § 39; H.L.R. v. France, 29 April 1997, § 34, Reports 1997-III; Jabari v. Turkey, no. 40035/98, § 38, ECHR 2000-VIII; и Salah Sheekh v. the Netherlands, no. 1948/04, § 135, 11 January 2007).
115. Затоа во ваков случај Судот се повикува да ја процени ситуацијата во земјата примател во согласност со условите од членот 3. Што се однесува до некоја од обврските според Конвенцијата која постои или може да настане за земјата договорничка заради тоа што можеби презела дејствие кое како директна последица можеби има изложеност на лица на ризик на забрането малтретирање (види Saadi v. Italy [GC], no. 37201/06, § 126, 28 February 2008).
(β) Фактори што се користат за проценка на ризикот од тоа да си подложен на постапување со кое се прекршува членот 3 од Конвенцијата
116. При утврдувањето дали било прикажано дека жалителот е соочен со вистински ризик од постапување спротивно на членот 3, Судот ќе го оцени прашањето во согласност со целиот материјал изнесен пред него или доколку е потребно материјалот добиен proprio motu (види го случајот Х.Л.Р. против Франција, цитиран горе, § 37, и Hilal v. the United Kingdom, no. 45276/99, § 60, ECHR 2001-II). Во случаи како овој испитувањето од страна на Судот за постоењето на вистински ризик од малтретирање мора неопходно да биде ригорозно (види го случајот Chahal v. the United Kingdom, 15 November 1996, § 96, Reports 1996-V).
117. За да се утврди дали имало или не ризик од малтретирање Судот мора да ги испита предвидливите последици од отстранувањето на жалителот во земја којашто прима, имајќи ја во предвид општата ситуација таму како и неговите или нејзините лични околности (види го случајот Вилварајах и други, цитиран горе, § 108 in fine).
118. За таа цел што се однесува до општата ситуација во конкретната земја Судот честопати придава важност на информациите содржани во поновите извештаи од независни меѓународни здруженија за заштита на човековите права како што се Амнести интернешнал, или владини извори (види, на пример кај Чахал, цитиран горе, §§ 99-100; Müslim v. Turkey, no. 53566/99, § 67, 26 April 2005; Said v. the Netherlands, no. 2345/02, § 54, ECHR 2005-VI; Al-Moayad v. Germany (dec.), no.35865/03, §§ 65‑66, 20 February 2007; и Саади, цитиран горе, §131).
119. Во случаи кога жалителот тврди дека тој или таа е член на група систематски изложена на пракса на малтретирање, Судот смета дека заштитата по членот 3 од Конвенцијата влегува во игра кога жалителот утврдува, кога е тоа неопходно врз основа на изворите спомнати во претходниот параграф, дека постојат значителни основи за да се верува во постоењето на праксата што е во прашање и неговото или нејзиното членство на засегнатата група (види, mutatis mutandis, Салах Шиик, цитиран горе, §§ 138-49).
120. Благодарение на апсолутниот карактер на гарантираното право, Судот не ја исклучува можноста дека членот 3 од Конвенцијата може исто така да се примени онаму каде што опасноста доаѓа од лица или групи на лица кои не се државни службеници. Меѓутоа, мора да се покаже дека ризикот е вистински и дека властите на државата што прима не се во можност да го спречат ризикот со обезбедување на соодветна заштита (види во случајот Х.Л.Р. против Франција, цитиран горе, § 40).
121. Што се однесува до материјалните податоци постоењето на ризик мора да се процени првично во однос на оние факти коишто биле познати или требале да и бидат познати на државата договорничка во времето на отстранувањето.
(ii) Примен во актуелниот случај
122. Судот веќе имаше прилика да забележи дека државите коишто се долж надворешните граници на Европската унија во моментов искусуваат значителни тешкотии во справувањето со сè поголемиот бран на мигранти и баратели на азил. Тој не го потценува товарот и притисокот што оваа состојба ја наметнува на засегнатите држави, кои се уште поголеми во актуелната состојба на економска криза (види M.S.S. v. Belgium and Greece [GC], no. 30696/09, § 223, ECHR 2011). Тој е особено свесен за проблемите поврзани со појавата на миграција по поморски пат, што за државите носи дополнителни компликации во контролирањето на границите во Јужна Европа.
Меѓутоа, со оглед на апсолутниот карактер на правата обезбедени од членот 3, дека не можат да ја ослободат државата од обврските според таа одредба.
123. Судот повторува дека заштитата од постапка забранета со членот 3 им ја наметнува на државите обврската да не отстранат ниедно лице кое во земјата што прима би било соочено со вистински ризик да биде подложен на такво постапување.
Тој забележува дека бројните извештаи од меѓународните тела и невладини организации даваат вознемирувачка слика за постапувањето со илегалните имигранти во Либија во материјално време. Заклучоците на овие документи се исто така поддржани од извештајот на КСТ од 28 април 2010 г. (види го параграфот 36 горе).
124. Судот забележува во усвојувањето дека состојбата во Либија се влошила по затворањето на канцеларијата на УНХЦР во Триполи во април 2010 г. и последователната народна револуција, која избувна во земјата во февруари 2011 г. Меѓутоа, заради испитување на овој случај, Судот упатува на состојбата што доминира во материјалното време.
125. Според различните извештаи споменати горе, за време на периодот во прашање Либија не се придржувала на ниедно правило кое се однесува на заштитата на бегалците. Секое лице кое влегува во земјата по нелегален пат се сметало за илегално и не се правело разлика меѓу нелегалните мигранти и барателите на азил. Последователно, овие лица биле систематски апсени и притворани во услови што надворешните посетители, како што се делегациите од УНХЦР, Хјуман рајтс воч и Амнести интернешнал, можат да ги опишат само како нечовечни. Многуте случаи на мачење, лошите хигиенски услови и немањето на соодветна медицинска нега биле осудени од сите набљудувачи. Нелегалните мигранти биле соочени со ризик да бидат вратени во своите земји на потекло во секој момент, а доколку успееле да си ја повратат својата слобода биле подложени на особено небезбедни услови за живеење како резултат на нивната нерегулирана состојба. На нелегалните имигранти како жалителите судбината им била да заземат маргинална и изолирана позиција во либиското општество, правејќи ги особено ранливи на ксенофобични и расистички акти (види ги параграфите 35-41 горе).
126. Тие истите извештаи јасно покажуваат дека нелегалните мигранти коишто биле истоварени во Либија по нивното пресретнување од Италија на отворено море, како што се жалителите, биле изложени на такви ризици.
127. Соочени со вознемирувачката слика насликана од различни меѓународни организации, тужената Влада тврдеше дека Либија била во материјалното време „безбедна“ дестинација за мигрантите пресретнати на отворено море.
Тие тоа верување го засновале на претпоставката дека Либија се придржувала на своите меѓународни обврски во однос на азилот и заштитата на бегалците, вклучително и принципот на невраќање. Тие тврдеа дека Италијанско-либиската спогодба за пријателство од 2008 г. во согласност со која нелегалните мигранти биле враќани во Либија, конкретно упатувала на почитувањето на одредбите од меѓународното право за човекови права и други меѓународни конвенции на кои Либија била потписничка.
128. Во таа насока Судот забележува дека неуспехот на Либија да ги почитува своите меѓународни обврски бил еден од фактите прекршени во меѓународните извештаи за таа земја. Во секој случај Судот е обврзан да забележи дека примената на домашните закони и ратификацијата на меѓународните спогодби што го гарантираат почитувањето на основните права сами по себе не се доволни за обезбедување на соодветна заштита од ризикот од малтретирање кога, како и во актуелниов случај, веродостојни извори пријавиле пракси кои биле применети или толерирани од властите кои се евидентно спротивни на принципите на Конвенцијата (види во случајот М.С.С. против Белгија и Грција, цитиран горе, § 353, и, mutatis mutandis, Саади, цитиран горе, § 147).
129. Исто така Судот забележува дека Италија не може да ја избегне сопствената одговорност со тоа што ќе се потпре на сопствените обврски што произлегуваат од билатералните договори со Либија. Дури и ако се претпостави дека тие договори имаат изречна одредба за враќање во Либија на пресретнати мигранти на отворено море, одговорноста на државите договорнички и понатаму постои дури и ако нивните обврски што произлегуваат од склучената спогодба следи по стапувањето на сила на Конвенцијата или нејзините Протоколи во однос на овие држави (види Prince Hans-Adam II of Liechtenstein v. Germany [GC], no. 42527/98, § 47, ECHR 2001-VIII, и Al-Saadoon and Mufdhi v. the United Kingdom, no. 61498/08, § 128, ECHR 2010).
130. Што се однесува до аргументот на Владата заснован на присуството на канцеларијата на УНХЦР во Триполи, мора да се забележи дека активноста на Канцеларијата на Високиот комесар дури и пред нејзиното конечно затворање во април 2010 г. никогаш и на никаков начин не била призната од либиската влада. Документите разгледани од Судот покажуваат дека бегалскиот статус доделуван од УНХЦР не им гарантирал на засегнатите лица никаков вид на заштита во Либија.
131. Судот повторно забележува дека состојбата била добро позната и лесна да се потврди врз основа на повеќекратни извори. Затоа смета дека кога жалителите биле отстранети италијанските власти знаеле или требале да знаат дека како нелегални мигранти во Либија би биле изложени на постапување со кое се прекршувала Конвенцијата и дека на нив не би им била дадена никаква заштита во таа земја.
132. Владата се изјасни дека жалителите не успеале доволно да ги опишат ризиците во Либија, бидејќи тие не побарале од италијанските власти азил. Самиот факт дека жалителите се спротивставиле на нивното истоварување во Либија според Владата не можело да се смета за барање на заштита со што на Италија и се наметнува обврска согласно членот 3 од Конвенцијата.
133. Судот најпрво забележува дека тој факт бил оспорен од жалителите кои изјавиле дека тие го информирале италијанскиот воен персонал за нивната намера да побараат меѓународна заштита. Исто така верзијата на жалителите е поддржана од бројни изјави на сведоци собрани од УНХЦР и Хјуман рајтс воч. Во секој случај Судот смета дека власти биле тие што, соочени со ситуација во која човековите права систематски биле повредувани, како што е опишано горе, требале да дознаат за постапувањето на кое би биле изложени жалителите по нивното враќање (види го случајот mutatis mutandis, Чахал, цитиран горе, §§ 104 и 105; Џабари, цитиран горе, §§ 40 и 41; и М.С.С. против Белгија и Грција, цитиран горе, § 359). Со оглед на околностите во случајот, фактот дека засегнатите страни не успеале изречно да побараат азил не ја ослободило Италија од исполнување на своите обврски согласно членот 3.
134. Во таа насока Судот забележува дека ниедна од одредбите во меѓународното право цитирана од Владата не го оправдало потиснувањето на жалителите назад во Либија, како што и правилата за спасување на лица на море и оние што важат во однос на борбата против трговијата со луѓе им наметнуваат на државите обврска за исполнување на обврските што произлегуваат од меѓународното бегалско право, вклучувајќи го и принципот на „невраќање“ (види параграф 23 горе).
135. Тој принцип на невраќање исто така е втемелен во членот 19 од Повелбата за човековите права на Европската унија. Во таа насока, Судот придодава посебна тежина на содржината од писмото напишано на 15 јули 2009 г. од страна на г-динот Жак Баро, потпретседател на Европската комисија во кое тој ја нагласува важноста од почитувањето на принципот на невраќање во контекст на операциите спроведени на отворено море од страна на земјите членки на Европската унија (види параграф 34 горе).
136. Ако се земе во предвид претходно-споменатото, Судот смета дека во актуелниот случај значителни основи се прикажани за да се верува дека имало вистински ризик дека жалителите би биле подложени на постапување во Либија спротивно на членот 3. Фактот дека голем број на нелегални имигранти во Либија се нашле во иста ситуација како и жалителите, не го прави ваквиот ризик ништо помалку личен кога е доволно реален и можен (види кај, mutatis mutandis, Саади, цитиран горе, § 132).
137. Потпирајќи се на тие заклучоци и обврски на државите согласно членот 3 Судот смета дека со пренесувањето на жалителите во Либија, италијанските власти иако целосно запознаени со фактите, ги изложиле на постапување забрането со Конвенцијата.
138. Соодветно на тоа приговорот на Владата во врска со фактот дека жалителите немале статус на жртва мора да се отфрли и мора да се заклучи дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата.
Б. Наводна повреда на членот 3 од Конвенцијата врз основа на фактот дека жалителите биле изложени на ризик од своеволна репатриација во Еритреја и Сомалија
1. Изјаснување на странките
(а) Жалителите
139. Жалителите тврдеа дека нивното пренесување во Либија каде што на бегалците и на барателите на азил не им била дадена никаква форма на заштита ги изложил на ризик да бидат вратени во нивните земји на потекло: Сомалија и Еритреја. Тие тврдеа дека различни извештаи од меѓународни извори го потврдиле постоењето на услови во обете земји со кои се кршеле човековите права.
140. Жалителите коишто избегале од своите земји тврдеа дека не им била дадена никаква шанса да обезбедат меѓународна заштита. Фактот дека повеќето од нив добиле бегалски статус по пристигнувањето во Либија потврдува дека нивните стравови дека би биле подложени на малтретирање биле засновани. Тие се изјасниле дека иако либиските власти не го признавале бегалскиот статус доделен од канцеларијата на УНХЦР во Триполи, доделувањето на тој статус покажало дека групата на мигранти на која тие припаѓале имала потреба од меѓународна заштита.
(б) Владата
141. Владата посочи дека Либија била потписничка на различни меѓународни инструменти поврзани со заштитата на човековите права и забележа дека со ратификувањето на Спогодбата за пријателство од 2008 година изречно се согласила да ги почитува принципите содржани во Повелбата на Обединетите нации и во Универзалната декларација за човекови права.
142. Тие повторија дека присуството на УНХЦР во Либија претставувало потврда дека никој што имал право на азил или некоја друга форма на меѓународна заштита не би бил своеволно протеран. Тие тврдеа дека значителен број на жалители добиле статус на бегалци во Либија што би ја исклучило можноста за нивна репатриација.
(в) Третата странка што интервенира
143. УНХЦР изјави дека Либија често вршела колективни протерувања на бегалци и баратели на азил во нивните земји на потекло каде што можеле да бидат подложени на мачење и друг вид на малтретирање. Тие го осудија отсуството на систем за меѓународна заштита во Либија, што доведе до многу голем ризик на „врзано враќање“ на лица на кои им била потреба заштита.
Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации, Хјуман рајтс воч и Амнести интернешнал го посочија ризикот за лицата кои би биле присилно вратени во сопствените земји како Еритреја и Сомалија да бидат изложени на мачење и нечовечно или понижувачко постапување и да бидат изложени на крајно несигурни услови за живеење.
144. АИРЕ центарот, Амнести интернешнал и ФИДХ се изјаснија дека со оглед на особената ранливост на барателите на азил и лицата пресретнати на отворено море и отсуството на соодветни гаранции или процедури на бродовите што би дозволиле потиснувањето назад да биде оспорено, беше дури и од поголема важност за договорните страни вклучени во операциите на враќање да ја утврдат реалната состојба во земјата примател, вклучително и што се однесува до ризикот од било какво последователно враќање.
2. Оценка на Судот
(а) Допуштеност
145. Судот смета дека овој дел од жалбата наметнува правни прашања и факт кои не можат да се утврдат без испитување на основаноста. Понатаму вели дека овој дел од жалбата не е очигледно погрешно заснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата. Ниту дека е недопуштена по некој друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена.
(б) Основаност
146. Судот го повторува принципот според кој индиректното отстранување на еден странец ја остава одговорноста на државата договорничка недопрена, а од таа држава се бара во согласност со добро воспоставената судска пракса да обезбеди лицето во прашање да не се соочи со реален ризик од тоа да биде подложен на постапување спротивно на членот 3 во случај на репатриација (види, mutatis mutandis, T.I. v. the United Kingdom (dec.), no. 43844/98, ECHR 2000-III, и M.С.С. против Белгија и Грција, цитиран горе, § 342).
147. Државата што го спроведува враќањето треба да обезбеди земјата посредничка да обезбеди доволно гаранции за да се спречи засегнатото лице да биде вратено во својата земја на потекло без проценка на ризиците со кои ќе е соочено. Судот забележа дека таа обврска е уште поважна кога, како во овој случај, посредничката земја не е земја потписничка на Конвенцијата.
148. Во овој случај, задачата на Судот не е да пресуди во однос на повредата на Конвенцијата во случај на репатриација на жалителите, туку да утврди дали имало доволно гаранции дека засегнатите страни не би биле произволно вратени во нивните земји на потекло каде што тврделе со аргументи дека нивната репатриација би значела прекршување на членот 3 од Конвенцијата.
149. Судот има одредено количество на информации за општата состојба во Еритреја и Сомалија, земјите на потекло на жалителите, поднесени од засегнатите страни и од третата страна што интервенира (види ги параграфите 43 и 44 горе).
150. Тој забележува дека според УНХЦР и Хјуман рајтс воч лицата што присилно се враќаат во Еритреја се соочуваат со мачење и притвор во нечовечни услови чисто заради тоа што ја напуштиле земјата на нелегален начин. Што се однесува до Сомалија во неодамнешниот случај на Суфи и Елми (бр. 8319/07 и 11449/07, 28 јуни 2011) Судот забележал сериозни нивоа на насилство во Могадишу и зголемен ризик за лицата што се вратени во таа земјата со тоа што се присилуваат или да поминат низ области погодени од вооружениот конфликт или да бараат засолниште во кампови за раселени лица или бегалци каде што условите за живеење се ужасни.
151. Судот смета дека сите информации што ги поседува покажуваат prima facie дека ситуацијата во Сомалија и Еритреја наметнувала и продолжува да наметнува сериозни проблеми на небезбедност. Овој наод исто така не беше оспорен пред Судот.
152. Последователно, жалителите би можеле да тврдат дека нивната репатриација би довела до повреда на членот 3 од Конвенцијата. Судот сега мора да утврди дали италијанските власти разумно можеле да очекуваат од Либија да понуди доволно гаранции против своеволната репатриација.
153. Судот најпрво забележува дека Либија не ја ратификувала Женевската конвенција за статусот на бегалците. Исто така, меѓународни набљудувачи го забележале отсуството на секаква форма на азил и процедура за заштита за бегалци во Либија. Во таа насока Судот веќе имал прилика да забележи дека присуството на УНХЦР во Триполи тешко дека претставувало гаранција за заштита за барателите на азил на сметка на негативниот однос на либиските власти кои не признавале никаква вредност во статусот на бегалците (види го параграф 130 горе).
154. Во такви околности Судот не може да го прифати аргументот на Владата дека активностите на УНХЦР претставувале гаранција против своеволната репатриација. Исто така Хјуман рајтс воч и УНХЦР осудија неколку претходни насилни враќања на нелегални мигранти, вклучително баратели на азил и бегалци, во земји со голем ризик.
155. Затоа фактот дека некои од жалителите се стекнале со статус на бегалец не го убедува Судот во однос на ризикот од своеволно враќање. Напротив, Судот го споделува гледиштето на жалителите дека тоа претставува дополнителен доказ за ранливоста на засегнатите страни.
156. Со оглед на претходното, Судот смета дека кога жалителите биле пренесени во Либија, италијанските власти знаеле или требале да знаат дека имало недоволни гаранции за заштита на засегнатите странки од ризикот да бидат своеволно вратени во нивните земји на потекло, со оглед особено на отсуството на каква било процедура за азил и неможноста да се натераат либиските власти да го признаат бегалскиот статус доделен од УНХЦР.
157. Исто така Судот повторува дека Италија не е ослободена од исполнувањето на своите обврски согласно членот 3 од Конвенцијата затоа што жалителите не успеале да побараат азил или да ги опишат ризиците со кои биле соочени како резултат на немањето на систем за азил во Либија. Тој повторува дека италијанските власти требало да утврдат како либиските власти ги исполнувале своите меѓународни обврски во врска со заштитата на бегалците.
158. Тој продолжува дека пренесувањето на жалителите во Либија исто така значело повреда на членот 3 од Конвенцијата затоа што ги изложило жалителите на ризик од своеволна репатриација.
IV. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 4 ОД ПРОТОКОЛОТ БР. 4 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
159. Жалителите изјавија дека тие биле подложени на колективно протерување за кое намело никаков законски основ. Тие се повикаа на членот 4 од Протоколот бр. 4 од Конвенцијата кој уредува:
„Забрането е колективно протерување на странци.“
А. Изјаснување на странките
1. Владата
160. Владата се изјасни дека членот 4 од Протоколот 4 не може да се примени во овој случај. Тие тврдеа дека гаранцијата дадена со таа одредба може да се примени само во случај на протерувања на лица на територија на држава или кои ја поминале националната граница нелегално. Во овој случај мерката во прашање била одбивање да се овласти навлегување на национална територија, а не „протерување“.
2. Жалителите
161. Иако признавањето дека зборот „протерување“ може навидум да претставува препрека во однос на применливоста на членот 4 од Протоколот бр. 4, жалителите се изјасниле дека еден еволутивен пристап би требало да го води Судот кон признавање на применливоста на член 4 од Протоколот 4 во овој случај.
162. Конкретно, жалителите бараа функционално и телеолошко толкување на таа одредба. Според нив примарната цел на забраната на колективно протерување била да се спречат државите присилно да префрлуваат групи во други држави без проверка на нивните поединечни околности, дури и сумирано. Таквата забрана исто така треба да важи за мерки за потиснување на мигранти назад на отворено море спроведени без никаква претходна прелиминарна одлука, сè додека таквите мерки би можеле да претставуваат „скриени протерувања“. Телеолошкото и „екстра-територијалното“ толкување на таа одредба би можело да го направи практично и делотворно отколку теоретско и илузорно.
163. Според жалителите, дури и ако Судот одлучел да ја прифати забраната утврдена во членот 4 од Протоколот бр. 4 строго територијално во својот опсег, нивното враќање во Либија во секој случај би потпаднало под опсегот на примената на овој член затоа што се случило на брод што пловел под италијанско знаме, што според членот 4 од италијанскиот Законик за навигација се сметало за „италијанска територија“.
Нивното враќање во Либија, спроведено без претходна идентификација и без проверка на личните околности на секој жалител претставувало мерка на отстранување која во суштина била „колективна“.
3. Третата странка што интервенира
164. Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права (ОНЦХР), чии изјаснувања беа исти со оние на УНХЦР, тврдеше дека членот 4 од Протоколот бр. 4 бил применлив во овој случај. Тие се изјаснија дека прашањето било од клучна важност со оглед на потенцијално важните последици од широкото толкување на таа одредба на полето на меѓународната миграција.
Откако беше посочено дека колективното протерување на странци, вклучително на оние во невообичаена ситуација, генерално било забрането во меѓународното право и правото на Заедницата, ОНЦХР тврдеше дека лицата пресретнати на отворено море би требало да можат да добијат заштита од таков вид на протерување дури и ако не можеле да дојдат до границата на Државата.
Колективното протерување на отворено море било забрането со оглед на принципот на добрата намера во чии рамки треба са се толкуваат одредбите на Конвенцијата. Ако на државите им се дозволи да ги потиснат назад мигрантите пресретнати на отворено море без придржување на гаранцијата втемелена во членот 4 од Протоколот бр. 4 ќе значи прифаќање на тоа дека државите можат да ги избегнат своите обврски според Конвенцијата со проширување на своите операции на гранична контрола.
Исто така, признавањето на екстериторијална примена на јуриздикцијата на државата договорничка за акции што се случиле на отворено море според ОНЦХР вклучуваат пресумпција дека сите права гарантирани со Конвенцијата и нејзините протоколи би биле применливи.
165. Клиниката за човекови права при Правниот факултет на Колумбија ја посочи важноста на процедурални гаранции во областа на заштитата на човековите права на бегалците. Државите беа задолжени да ја испитаат состојбата на секој поединец, случај по случај, со цел да се гарантира делотворна заштита на основните права на засегнатите страни и за да се избегне нивно отстранување додека постои ризик да им се наштети.
Клиниката за човекови права при Правниот факултет на Колумбија се изјасни дека нелегалната имиграција по морски пат не е нова појава туку дека меѓународната заедница сè повеќе ја согледува потребата за идентификување на ограничувањата на политиките за контрола на имиграцијата, вклучително и пресретнувањето на море. Принципот на невраќање бара од државите да се воздржат од отстранување на лица без да се проценат нивните околности случај по случај.
Различни тела на Обединетите нации како што се Комитетот против мачење јасно изјавија дека таквите пракси можеле да доведат до прекршување на меѓународните стандарди за човекови права и ја нагласија важноста од поединечна идентификација и проценка за спречување луѓето да не се враќаат во ситуации во кои би биле соочени со ризик. Меѓуамериканската комисија за човекови права ја согледа важноста на овие процедурални гаранции во случајот на Центарот за човекови права на Хаити и др. против САД (The Haitian Center for Human Rights et al. v. United States , case no. 10 675, report no. 51/96, § 163). Таа одлука беше од посебна важност со оглед дека беше спротивна на претходниот став на Врховниот суд на САД во случајот на Сејл против Советот на центрите на Хаити (Sale v. Haitian Centers Council, 113 S. Ct., 2549, 1993).
Б. Оценка на Судот
1. Допуштеност
166. Судот најпрво мора да го испита прашањето на применливоста на членот 4 од Протоколот бр. 4. Во случајот на Хенинг Бекер против Данска (Becker v. Denmark, no. 7011/75, Commission decision of 3 October 1975, Decisions and Reports (DR) 4, p.236) во врска со репатриацијата на приближно двесте виетнамски деца од страна на данските власти, Комисијата го дефинираше за првпат „колективното протерување на странци“ како „секоја мерка на надлежните власти на присилување на странци како група да ја напуштат земјата, освен кога таквата мерка се презема после и врз основа на разумно и објективно испитување на одредени случаи на секој поединечен странец во групата“.
167. Таа дефиниција беше последователно искористена од телата на Конвенцијата во други случаи во врска со членот 4 од Протоколот бр. 4. Судот забележува дека мнозинството такви случаи вклучувале лица кои биле на територијата во прашање (види K.G. v. the Federal Republic of Germany, no. 7704/76, Decision of 11 March 1977 (unreported); O. and Others v. Luxembourg, no. 7757/77, Commission Decision of 3 March 1978; A. and Others v. the Netherlands, no. 14209/88, Commission Decision of 16 December 1988, DR 59, p. 274; Andric v. Sweden (dec), no. 45917/99, 23 February 1999; Čonka v. Belgium, no. 51564/99, ECHR 2002‑I; Davydov v. Estonia (dec), no. 16387/03, 31 May 2005; Berisha and Haljiti v. “the former Yugoslav Republic of Macedonia” (dec.), no. 18670/03, ECHR 2005-VIII; Sultani v. France, no. 45223/05, ECHR 2007-X; Ghulami v. France (dec), no. 45302/05, 7 April 2009; и Dritsas v. Italy (dec), no. 2344/02, 1 February 2011).
168. Меѓутоа случајот на Џавара и други против Италија и Албанија (Xhavara and Others v. Italy and Albania (dec), no. 39473/98, 11 January 2001) се однесуваше на албански државјани кои се обиделе да влезат во Италија нелегално со албански брод којшто бил пресретнат од италијански воен брод приближно 35 наутички милји од италијанскиот брег. Италијанскиот брод се обидел да ги спречи засегнатите странки да се истоварат на државна територија како резултат на што педесет и осум лица загинале, вклучително и родителите на жалителите како резултат на судир. Во тој случај жалителите пред сè се жалеле на Законската уредба бр. 60 од 1997 година која уредувала итно протерување на нелегални странци, мерка на која имало само право на жалба без суспензивен ефект. Тие сметале дека истата ја прекршува гаранцијата утврдена со член 4 од Протоколот бр. 4. Судот ја одбил жалбата по основ на некомпатибилност ratione personae, со оглед дека одредбата во прашање не важела за нивниот случај и не се судело за применливоста на член 4 од Протоколот бр. 4 во случајот во прашање.
169. Затоа во актуелниот случај, Судот мора за прв пат да испита дали членот 4 од Протоколот бр. 4 важи за случај кој вклучувал отстранување на странци во трета држава спроведено надвор од националната територија. Тој мора да утврди дали пренесувањето на жалителите во Либија претставувало „колективно протерување на странци“ во рамките на значењето на одредбата во прашање.
170. При толкувањето на одредбите од Конвенцијата Судот упатува на членовите 31 и 33 од Виенската конвенција за правото на спогодбите (види го, на пример, Golder v. the United Kingdom, 21 February 1975, § 29, Series A no. 18; Demir and Baykara v. Turkey [GC], no. 34503/97, § 65, 12 November 2008; и Saadi v. the United Kingdom [GC], no. 13229/03, § 62, 29 January 2008).
171. Во согласност со Виенската конвенција за правото на спогодбите Судот мора да го утврди вообичаеното значење што треба да му се придаде на условите во нивниот контекст и во контекст на целта и намената на одредбата од која се земаат. Тој мора да го земе во предвид фактот дека одредбата во прашање формира дел од спогодбата за делотворна заштита на човековите права и дека Конвенцијата мора да се чита како целина и да се толкува на таков начин за да се промовира внатрешната конзистентност и усогласеност меѓу нејзините различни одредби (види Stec and Others v. the United Kingdom (dec). [GC], nos. 65731/01 and 65900/01, § 48, ECHR 2005-X). Судот исто така мора да ги земе во предвид сите релевантни правила и принципи на меѓународното право што се применуваат на односите меѓу земјите договорнички (види Al-Adsani v. the United Kingdom [GC], no. 35763/97, § 55, ECHR 2001-XI, и Bosphorus Hava Yolları Turizm ve Ticaret Anonim Şirketi v. Ireland [GC], no. 45036/98, § 150, ECHR 2005-VI; и види го членот 31 § 3(в) од Виенската конвенција). Судот исто така може да има опција на дополнителни средства за толкување, имено travaux préparatoires на Конвенцијата, било за да се потврди значењето утврдено во согласност со методите на кои се упатува горе, или за да се појасни значењето кога во друга прилика би било двосмислено, нејасно или очигледно апсурдно и неразумно (види во членот 32 од Виенската конвенција).
172. Владата се изјасни дека имало логична пречка на применливоста на членот 4 од Протоколот бр. 4 во овој случај, имено фактот дека жалителите не биле на италијанска територија во времето на нивното пренесување во Либија така што мерката, според гледиштето на Владата, не може да се смета за „протерување“ во рамките на вообичаеното значење на терминот.
173. Судот не го дели мислењето на Владата во врска со ова. Тој забележува најпрво дека иако случаите што до тој момент биле испитани се однесувале на лица што веќе во различни форми биле на територијата на засегнатата земја, формулацијата на членот 4 од Протоколот бр. 4 самиот по себе не наметнува пречка за негова екстериторијална примена. Тој мора да забележи дека членот 4 од Протоколот бр. 4 не содржи никакво упатување на поимот „територија“, додека формулацијата на членот 3 од истиот Протокол, напротив конкретно упатува на територијалниот опсег на забраната на протерување на државјаните. Исто така членот 1 од Протоколот бр. 7 експлицитно упатува на поимот територија во врска со процедуралната заштита поврзана со протерувањето на странци коишто имаат законски престој на територијата на државата. Според гледиштето на Судот формулацијата не може да се игнорира.
174. Travaux préparatoires не се експлицитни во однос на опсегот на жалбата и опсегот на членот 4 од Протоколот бр. 4. Во секој случај Описниот извештај на Протоколот бр. 4 изготвен во 1963 година открива дека што се однесува до Комитетот на експерти, целта на членот 4 била формално да се забрани „колективно протерување на странци од типот што се случувале во поново време“. Оттука беше „договорено дека усвојувањето на членот [членот 4] и ставот 1 од членот 3 на никаков начин не можат да се толкуваат како на некој начин оправдувачки мерки за колективно протерување што можеби биле преземени во минатото“. Коментарот на нацртот открива дека според Комитетот на експерти странците на кои се однесува членот не се само оние со законски престој на територијата туку „сите оние коишто немаат реално право на државјанство во државата, било дали поминуваат низ земјата или престојуваат или се домицилни таму, било дали се бегалци или влегле во земјата по сопствена иницијатива или било дали се без државјанство или поседуваат друго државјанство“ (членот 4 од конечниот нацрт на Комитетот, стр. 505, § 34). Конечно, според оние што работеле на изготвувањето на Протоколот бр. 4, зборот „протерување“ треба да се толкува во „неговото генеричко значење, во актуелната употреба (да се истера некој од некое место)“. Додека последната дефиниција е содржана во делот поврзан со членот 3 од Протоколот, Судот смета дека тој може да се примени и за членот 4 од истиот Протокол. Затоа смета во продолжение дека travaux préparatoires не спречува екстериторијална примена на членот 4 од Протоколот бр. 4.
175. Меѓутоа останува да се види дали таквата примена е оправдана. За да се одговори на прашањето мора да се земе предвид целта и значењето на одредбите во прашање, кои самите мораат да се анализираат во контекст на принципот, којшто цврсто е втемелен во судската пракса на Судот, дека Конвенцијата е жив инструмент што мора да се толкува во контекст на условите во денешно време (види го на пример Соеринг, цитиран горе, § 102; Dudgeon v. the United Kingdom, 22 October 1981, Series A no. 45; X, Y and Z v. the United Kingdom, 22 April 1997, Reports 1997-II; V. v. the United Kingdom [GC], no. 24888/94, § 72, ECHR 1999-IX; и Matthews v. the United Kingdom [GC], no. 24833/94, § 39, ECHR 1999-I). Исто така неопходно е Конвенцијата да биде толкувана и применета на начин чии гаранции се практични и делотворни, а не теоретски и илузорни (види Marckx v. Belgium, 13 June 1979, § 41, Series A no. 31; Airey v. Ireland, 9 October 1979, § 26, Series A no. 32; Mamatkulov and Askarov v. Turkey [GC], nos. 46827/99 и 46951/99, § 121, ECHR 2005-I; и Leyla Şahin v. Turkey [GC], no. 44774/98, § 136, ECHR 2005-XI).
176. Долго време има поминато од изготвувањето на Протоколот бр. 4. Од тоа време миграциските струи во Европа продолжија да се интензивираат со сè поголемо користење на морето, иако пресретнувањето на мигрантите на отворено море и нивното отстранување во земји на транзит или потекло сега се средства за миграциска контрола, така што претставуваат алатки на државата во борбата против имиграцијата.
Економската криза и неодамнешните социјални и политички промени имаа особено влијание врз одредени региони на Африка и Блискиот Исток, наметнувајќи нови предизвици за европските држави во смисла на имиграциска контрола.
177. Судот веќе има утврдено дека според воспоставената судска пракса на Комисијата и Судот целта на членот 4 од Протоколот бр. 4 е да се спречат државите да можат да отстранат одредени странци без да ги проверат нивните лични околности и последователно без да им овозможат да ги претстават аргументите против мерките преземени од страна на релевантните власти. Затоа, доколку членот 4 од Протокол бр. 4 требало да се применува само за колективно протерувања од државната територија на земјите потписнички на Конвенцијата, битна компонента на современите миграциски шеми немало да потпадне под опсегот на таа одредба, без разлика на фактот дека однесувањето кое планира да го забрани може да се случи надвор од државната територија и особено, како во актуелниов случај, на отворено море. Членот 4 на тој начин ќе биде неделотворен во пракса во однос на такви ситуации, кои меѓутоа се во пораст. Последицата од тоа би била дека мигрантите избирајќи го патот по море, честопати ризикувајќи ги сопствените животи и не успевајќи да стигнат до границите на државите, немаат право на проверка на нивните лични околности пред да бидат протерани за разлика од оние што патуваат по копно.
178. Затоа е јасно дека додека поимот „јуриздикција“ генерално е територијална и се претпоставува дека се спроведува на државната територија на државите (види го параграфот 71 горе), поимот на протерување исто така е главно територијален во смисла дека протерувањата најчесто се спроведуваат од државна територија. Меѓутоа, кога како во актуелниов случај, Судот ќе утврди дека државата договорничка својата јуриздикција ја има применувано исклучиво надвор од својата национална територија, не гледа пречки да прифати дека примената на екстериторијалната јуриздикција од страна на државата добила форма на колективно протерување. Доколку се донесе друг заклучок и доколку му се даде на последниот поим строго територијален опсег, тоа ќе резултира со разлики меѓу опсегот на жалбата на Конвенцијата како таква и таа на членот 4 од Протоколот бр. 4 што би било спротивно на принципот дека Конвенцијата мора да биде толкувана како целина. Исто така, што се однесува до примената од страна на државата на својата јуриздикција на отворено море, Судот веќе се изјасни дека посебната природа на поморската средина не може да оправда област надвор од законот кога лицата не се опфатени од никаков правен систем кој може да им овозможи да ги уживаат правата и гаранциите заштитени со Конвенцијата на кои државите се обврзале за да им ги обезбедат сите во рамките на својата јуриздикција (види го случајот Медведјев и други, цитиран горе, § 81).
179. Горенаведените размислувања не го ставаат под прашање правото на државите да воспостават сопствени имиграциски политики. Меѓутоа мора да се посочи дека проблемите со управувањето на миграциските струи не можат да оправдаат пракси коишто не се компатибилни на обврските на државата што произлегуваат од Конвенцијата. Судот во таа насока повторува дека одредбите од договорите мораат да се толкуваат со добра намера во контекст на предметот и намерата на договорот и во согласност со принципот на делотворност (види го случајот Маматкулов и Аскаров, цитиран горе, § 123).
180. Земајќи го во предвид претходното Судот смета дека отстранувањето на странците спроведено во контекст на пресретнувањата на отворено море од страна на властите на една држава во спроведувањето на својата суверена власт, чија цел е спречување на мигрантите да дојдат до границите на Државата или дури и да се потиснат назад во друга држава, претставува примена на јуриздикција во рамките на значењето на членот 1 од Конвенцијата кој вклучува одговорност на државата во прашање во согласност со членот 4 од Протоколот бр. 4.
181. Во овој случај Судот смета дека операцијата што резултирала со пренесување на жалителите во Либија била спроведена од страна на италијанските власти со намера да се спречат нелегалните мигранти да стапнат на италијанска почва. Во таа насока тој придава особена тежина на изјавите дадени по настаните за италијанскиот печат и во Сенатот на државата од страна на министерот за внатрешни работи во кои тој ја објаснил важноста на операциите на потиснување на отворено море во борбата против нелегалната имиграција и го нагласил значителното намалување на бројот на лицата што се истовариле како резултат на операциите спроведени во мај 2009 г. (види параграф 13 горе).
182. Соодветно на тоа Судот го одби приговорот на Владата и смета дека во овој случај може да се примени членот 4 од Протоколот бр. 4.
2. Основаност
183. Судот забележува дека до денешен ден случајот Чонка (види ја пресудата цитирана горе) е единствениот случај во кој е утврдена повреда на членот 4 од Протоколот број 4. При испитувањето на тој случај, со цел да се процени дали имало или не колективно протерување, тој ги испитал околностите на случајот и утврдувал дали одлуките за депортирање ги земале во предвид конкретните околности на засегнатите лица. Тогаш Судот се изјаснил (§§ 61-63):
„Судот меѓутоа забележува дека налозите за притвор и депортација што се во прашање биле дадени заради спроведување на наредба за напуштање на територијата со датум од 29 септември 1999 година; таа наредба била донесена исклучиво на основ на членот 7, првиот став, точка (2) од Законот за странци и единственото упатување на личните околности на жалителите било на фактот дека нивниот престој во Белгија надминал три месеци. Поконкретно, документот не ја споменува нивната молба за азил или одлуките од 3 март и 18 јуни 1999 г. Мора да се признае дека тие одлуки исто така биле пропратени со налог за напуштање на територијата, но сам по себе налогот не дозволувал апсење на жалителите. Последователно апсењето на жалителите за првпат било наредено со одлука од 29 септември 1999 г. на правна основа неповрзана со нивните барања за азил, но како и да е доволна за да ја вклучи имплементацијата на оспорените мерки. Во такви околности и според гледиштето на голем број на лица од исто потекло кои ја претрпеле истата судбина како и жалителите Судот смета дека постапката што следела не овозможила да се елиминира целиот сомнеж дека протерувањето можеби било колективно.
Таквиот сомнеж е зајакнат и од серија фактори: Најпрво, пред депортацијата на жалителите, засегнатите политички власти им најавиле дека ќе има операции од таков вид и им дале насоки на релевантните органи како да ги спроведат...; второ, од сите засегнати странци се барало да отидат во полициската станица во исто време; трето, налозите што им биле врачени со кои се барало од нив да ја напуштат територијата и за нивно апсење биле формулирани на идентичен начин; четврто, било многу тешко за странците да стапат во контакт со адвокат; и за крај постапката за азил не била завршена.
На кратко, во ниедна фаза во периодот меѓу врачувањето на известувањето за странците да се појават во полициската станица и нивното протерување процедурата не обезбедила доволно гаранции за да демонстрираат дека личните околности на секој од засегнатите страни биле навистина и индивидуално земени во предвид.“
184. Во својата судска пракса телата на Конвенцијата имаат дополнително посочено дека фактот дека одреден број на странци е подложен на слични одлуки сама по себе не води кон заклучок дека постои колективно протерување доколку секое засегнато лице добило можност да изнесе аргументи против своето протерување до надлежните власти на поединечна основа (види ја одлуката во случајот на К.Г. против Сојузна Република Германија, цитирана горе; одлуката во случајот на Андриќ, цитирана горе; и Султани, цитирана горе, § 81). И на крај Судот одлучи дека нема повреда на членот 4 од Протоколот бр. 4 доколку отсуството на одлука за протерување донесена на поединечна основа е последица на сопственото [на жалителите] виновно однесување (види ја одлуката во случајот Бериша и Хаљити, цитирана горе, и одлуката во случајот Дритсас, цитирана горе).
185. Во овој случај Судот може само да одлучи дека префрлањето на жалителите во Либија било спроведено без никаква форма на испитување на секоја индивидуална состојба на секој од жалителите. Било оспорено дека жалителите не биле подложени на никаква процедури на идентификација од страна италијанските власти, ограничувајќи се само на качување на сите пресретнати мигранти на воените бродови и нивно истоварување на либиска почва. Исто така Судот забележува дека персоналот на воените бродови не бил обучен да спроведе поединечни разговори и не бил помогнат од толкувачи или правни советници.
Ова е доволно за Судот да одлучи дека немало доволно гаранции со кои би се обезбедило индивидуалните околности на секое од засегнатите лица да бидат всушност подложени на детална проверка.
186. Земајќи го во предвид гореспоменатото, Судот заклучува дека отстранувањето на жалителите било од колективна природа, спротивно на членот 4 од Протоколот бр. 4 од Конвенцијата. Соодветно на тоа имало повреда на тој член.
V. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА РАЗГЛЕДАН ЗАЕДНО СО ЧЛЕНОТ 3 И ЧЛЕНОТ 4 ОД ПРОТОКОЛОТ БР. 4 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
187. Жалителите се жалеле дека не им бил обезбеден делотворен правен лек во согласност со италијанскиот закон со кој би можеле да поднесат жалба согласно членот 3 од Конвенцијата и членот 4 од Протоколот бр. 4. Тие се повикаа на членот 13 од Конвенцијата којшто уредува:
„Секој човек, чии права и слободи признати со оваа Конвенција се нарушени, има право на делотворен правен лек пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.“
А. Изјаснување на странките
1. Жалителите
188. Жалителите се изјаснија дека пресретнувањата на лица на отворено море од страна на Италија не биле во согласност со законот и не биле подложени на разгледување на нивната законитост од страна на националните власти. Од тие причини жалителите биле лишени од секаква шанса да поднесат жалба против своето враќање во Либија и тврдењата за повреда на членот 3 од Конвенцијата и членот 4 од Протоколот бр. 4.
189. Жалителите тврделе дека ниеден од условите за делотворност на правните лекови дадени во судската пракса на Судот не биле исполнети од италијанските власти, коишто дури не ги ни идентификувале пресретнатите мигранти и ги игнорирале нивните барања за заштита. Исто така дури и да се претпостави дека добиле можност да ги искажат своите барања за азил пред воениот персонал не можело да им се обезбедат процедуралните гаранции уредени со италијанскиот закон, како што е пристап до суд од проста причина бидејќи биле на бродови.
190. Жалителите сметале дека примената на територијалниот суверенитет во врска со политиката на имиграција во никакви околности не смее да дозволи неисполнување на обврските што им се наметнати на државите од страна на Конвенцијата, вклучувајќи ја и обврската за гарантирање на правото на делотворен правен лек пред национален суд за секое лице што потпаѓа под нивна јуриздикција.
2. Владата
191. Владата се изјасни дека заради тоа што настаните во овој случај се случиле на бродови, било невозможно да им се гарантира на жалителите правото на пристап до национален суд.
192. На расправата пред Големиот судски совет тие тврдеа дека жалителите требале да поднесат барање до националните судови за бидат признаени и во зависност од случајот да добијат надоместок за наводните повреди на Конвенцијата. Според Владата италијанскиот судски систем би овозможил да се утврди секаква одговорност на воениот персонал којшто ги спасил жалителите како според националното така и според меѓународното право.
Владата тврдеше дела жалителите на кои УНХЦР им доделил бегалски статус биле во можност да стапнат на италијанска територија во секое време и да ги остварат своите права, вклучително и правото да се обратат до судските власти.
3. Третата странка што интервенира
193. УНХЦР се изјасни дека принципот на невраќање вклучувал и процедурални обврски за државите. Исто така правото на пристап до делотворна процедура за азил спроведена од надлежните власти било многу посуштествено кога биле во прашање „мешани“ миграциски текови во рамките на што потенцијалните баратели на азил треба да се издвојат и распознаат од другите мигранти.
194. АИРЕ центарот, Амнести интернешнал и Меѓународната федерација за човекови права („ФИДХ“) сметаа дека лицата што биле потиснати назад како резултат на пресретнување на отворено море немале пристап до никаков правен лек во земјата договорничка одговорна за операциите, а уште помалку до правен лек кој ќе овозможел исполнување на условите од членот 13. Жалителите исто така немале соодветна можност ниту за потребната поддршка, имено помош од толкувач, за да им се овозможи да ги утврдат причините кои оделе во прилог против нивното враќање, а да не спомнуваме проверка чија строгост би ги исполнила условите на Конвенцијата. Странките што интервенираа тврдеа дека кога земјите потписнички на Конвенцијата биле вмешани во пресретнувања на море што резултирале со потиснување назад, нивна била одговорноста да обезбедат секое од засегнатите лица да имаат делотворна можност да го оспорат своето враќање во контекст на правата гарантирани од Конвенцијата и да добијат разгледување на својата молба пред да се спроведе враќањето.
Странките што интервенираа сметаа дека отсуството на правен лек што дозволува идентификација на жалителите и поединечна проценка на нивните барања за заштита и нивните потреби претставувале сериозен пропуст, како и немањето на никакво утврдување на судбината на вратените лица што би следело.
195. Клиниката за човекови права при Правниот факултет на Колумбија тврдеше дека меѓународното право за човекови права и бегалци најпрво бара државата да ги посоветува мигрантите за нивните права за пристап до заштита Таквиот совет е клучен за исполнување на обврската на државата да ги идентификува оние кои имаат потреба од меѓународна заштита меѓу пресретнатите лица. Ваквиот услов бил нагласен за оние пресретнати на море бидејќи кај нив била поголема веројатноста да се запознаени со локалните закони и честопати немаат пристап до толкувач или правен совет. Потоа, секое лице треба да биде интервјуирано од националните власти за да добие поединечна одлука за неговото или нејзиното барање.
Б. Оценка на Судот
1. Допуштеност
196. Судот повторува дека тој се придружува на приговорот на Владата за исцрпување на домашните правни лекови на кои било укажано на расправата пред Големиот судски совет (види го параграф 62 горе) во испитување на основаноста на жалбите согласно членот 13. Исто така Судот смета дека овој дел од жалбата наметнува сложени правни прашања и факт кои не можат да се утврдат без испитување на основаноста. Следи дека не е очигледно погрешно заснована во рамките на значењето на членот 35 § 3(a) од Конвенцијата. Ниту дека е недопуштена по некој друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена.
2. Основаност
(a) Општи принципи
197. Членот 13 од Конвенцијата ја гарантира достапноста на национално ниво на правен лек за спроведување на суштината на правата и слободите од Конвенцијата во каква било форма што може да биде обезбедена. Оттука делувањето на таа одредба е да се побара обезбедување на домашен правен лек за справување со суштината на „жалбата што може да се поддржи со аргумент“ според Конвенцијата и да се додели соодветна помош. Опсегот на обврските на земјите потписнички согласно членот 13 варираат во зависност од природата на жалбата на жалителот. Меѓутоа, правниот лек што се бара согласно членот 13 мора да биде „делотворен“ во пракса како и во закон. „Делотворноста“ на „правниот лек“ во рамките на значењето на членот 13 не зависи од сигурноста на исходот во корист на жалителот. Ниту пак „надлежниот орган“ посочен во таа одредба неопходно мора да биде судски орган; но доколку не е, неговите овластувања и гаранции што ги обезбедува треба да се релевантни во утврдувањето дали правниот лек што го има пред себе е делотворен. Дури и ако еден единствен правен лек само по себе во целост не ги исполнува условите од член 13, збирот на правни лекови обезбедени со друг домашен закон можат да го направат тоа (види го, меѓу многуте други извори, Kudła v. Poland [GC], no. 30210/96, § 157, ECHR 2000‑XI).
198. Ова произлегува од судската пракса на Судот дека жалбата на жалителот со која се тврди дека неговото или нејзиното отстранување во трета земја би ги изложил него или нејзе на постапување забрането согласно членот 3 од Конвенцијата, „мора под итно да се подложи на внимателна проверка од страна на ‘државен орган’“ (види Shamayev and Others v. Georgia and Russia, no. 36378/02, § 448, ECHR 2005-III; исто така види го случајот на Џабари, цитиран горе, § 39). Тој принцип го наведе Судот да одлучи дека поимот „делотворен правен лек“ во рамките на значењето на членот 13 разгледан заедно со членот 3 бара најпрво “независна и ригорозна проверка“ на секаква жалба поднесена од лице во таква ситуација, кога „постои суштински основ за страв од реален ризик од постапување спротивно на членот 3“ и второ „можноста од спречување на спроведувањето на оспорената мерка“ (во таа насока види ги горецитираните пресуди, § 460 и § 50).
199. Исто така во пресудата во случајот на Чонка (цитиран горе, §§ 79 et seq.) Судот изјави во врска со членот 13 разгледан заедно со членот 4 од Протоколот бр. 4 дека правниот лек не ги исполнувал условите од членот 13 доколку немал суспензивниот ефект. Тој конкретно посочил (§ 79):
„Судот смета дека поимот на делотворен правен лек согласно членот 13 бара правниот лек да може да спречи извршување на мерки кои се спротивни на Конвенцијата и чии последици се потенцијално неповратни ... Последователни, ова ne е доследно на членот 13 за таквите мерки да бидат спроведени пред националните власти да испитаат дали тие се компатибилни со Конвенцијата иако земјите договорнички имаат добиено одредена слобода на одлучување во врска со начинот на кој тие се прилагодуваат на своите обврски според оваа одредба ... .”
200. Според важноста која Судот му ја придодава на членот 3 од Конвенцијата и неповратната природа на штетата до којашто може да дојде доколку се материјализира ризикот од мачење или малтретирање, Судот одлучи дека суспензивниот ефект исто така се применува и во случаите во кои земјата потписничка ќе се одлучи да отстрани странец во земја каде што постои доволен основ да се верува дека тој или таа е соочен/а со ризик од таква природа (види Gebremedhin [Geberamadhien] v. France, no. 25389/05, § 66, ECHR 2007-II, и M.С.С. против Белгија и Грција, цитиран горе, § 293).
(b) Примена во актуелниот случај
201. Судот веќе заклучи дека враќањето на жалителите во Либија довело до повреда на член 3 од Конвенцијата и член 4 од Протоколот бр. 4. Затоа жалбите поднесени од жалителите во врска со овие точки „можат да се подржат со аргументи“ за потребите на членот 13.
202. Судот утврди дека жалителите немале пристап до процедура за нивна идентификација и за пристап до нивните лични околности пред да се вратат во Либија (види го параграф 185 горе). Владата призна дека такви процедури не биле обезбедени на воените бродови на кои жалителите биле натерани да се качат. Меѓу персоналот на бродот немало ниту толкувачи ниту правни советници.
203. Судот забележува дека жалителите тврделе дека не им биле дадени никакви информации од страна на италијанскиот воен персонал, што ги навело да веруваат дека ги носеле во Италија и дека тие не ги информирале за постапката што треба да се примени за да избегнат да бидат вратени во Либија.
Што се однесува до тоа дека таа околност е оспорена од страна на Владата, Судот придава поголема тежина на верзијата на жалителите бидејќи била поддржана од многу голем број на изјави на сведоци собрани од УНХЦР, КСТ и Хјуман рајтс воч.
204. Судот претходно утврди дека немањето на пристап до информации претставува голема пречка во проценувањето на постапките за азил (види во случајот М.С.С. против Белгија и Грција, цитиран горе, § 304). Тој овде ја повторува важноста на секој кој бил подложен на мерка на отстранување, чии последици се неповратни, да му биде гарантирано правото да добие доволно информации за да му се овозможи да добие делотворен пристап до релевантните процедури и да ги поддржи со аргументи своите жалби.
205. Со оглед на околностите во актуелниов случај Судот смета дека жалителите биле лишени од секаков правен лек кој би им овозможил да ги поднесат своите жалби согласно членот 3 од Конвенцијата и членот 4 од Протоколот бр. 4 до надлежниот орган и да се стекне со темелна и ригорозна проценка на нивните барања пред да се спроведе мерката за отстранување.
206. Што се однесува до аргументот на Владата дека жалителите требале да ја искористат можноста да поднесат барање до италијанските кривични судови при нивното пристигнување во Либија, Судот може само да забележи дека доколку таквиот правен лек и бил достапен во пракса, условите од членот 13 од Конвенцијата очигледно не би биле исполнети со иницирање на кривични постапки против воениот персонал од бродовите на војската со оглед дека тоа не го задоволува критериумот на суспензивен ефект втемелен во горецитираната пресуда во случајот на Чонка. Судот повторува дека условот што произлегува од членот 13, дека извршувањето на оспорената мерка треба да биде одложено не може да се смета за супсидијарна мерка (види во случајот кај М.С.С. против Белгија и Грција, цитиран горе, § 388).
207. Судот заклучува дека имало повреда на членот 13 разгледан заедно со членот 3 од Конвенцијата и членот 4 од Протоколот бр. 4. Следи дека жалителите не можат да бидат критикувани за тоа дека недоволно ги исцрпиле домашните правни лекови и дека прелиминарниот приговор на Владата (види го параграфот 62 горе) мора да се отфрли.
VI. ЧЛЕНОВИТЕ 46 И 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
А. Членот 46 од Конвенцијата
208. Членот 46 уредува:
„1. Високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечната пресуда на Судот во споровите во кои се странки.
2. Конечната пресуда на Судот му се доставува на Комитетот на министрите којшто го надгледува нејзиното извршување.“
209. Согласно членот 46 од Конвенцијата Високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечната пресуда на Судот во споровите во кои се странки, при што Комитетот на министри е одговорен за надзор на извршувањето на пресудите. Ова значи дека кога Судот ќе утврди повреда, тужената држава е законски обврзана не само да им ги плати на заинтересираните страни износите што им се доделени како правичен надоместок согласно членот 41, туку и да ги усвои неопходните општи и/или онаму каде што е можно индивидуални мерки. Со оглед дека пресудите на Судот се во основа деклараторни по природа, засегнатата држава е таа што треба да ги избере, под надзор на Комитетот на министри, средствата што ќе се користат со цел да се исполни нејзината законска обврска согласно членот 46 од Конвенцијата, по услов овие средства да се компатибилни со заклучоците содржани во пресудата на Судот. Меѓутоа во одредени конкретни ситуации Судот може да одлучи дека е корисно да и се посочи на тужената држава видот на мерки што можат да се преземат за да се стави крај на – честопати – ситуација која го поттикнува наодот на повредата (види на пример, Öcalan v. Turkey [GC], no. 46221/99, § 210, ECHR 2005-IV, и Popov v Russia, no. 26853/04, § 263, 13 July 2006). По некогаш природата на повредата што е утврдена може да е таква што нема да може да остави вистински избор во однос на мерките што се бараат (види во случајот Асанидзе, цитиран горе, § 198; Aleksanyan v. Russia, no. 46468/06, § 239, 22 December 2008; и Verein gegen Tierfabriken Schweiz (VgT) v. Switzerland (no. 2) [GC], no. 32772/02, §§ 85 and 88, 30 ECHR 2009).
210. Во актуелниов случај Судот смета дека е неопходно да се посочат поединечните мерки потребни за извршување на актуелната пресуда без да се наштети на генералните мерки потребни за спречување на други слични повреди во иднина (види во случајот М.С.С. против Белгија и Грција, цитиран горе, § 400)
211. Судот меѓу другото утврди дека префрлањето на жалителите ги изложило на ризик да бидат изложени на малтретирање во Либија и да бидат своеволно вратени во Сомалија и Еритреја. Со оглед на околностите во случајот Судот смета дека италијанската Влада морала да ги преземе сите можни чекори за да добие уверување од либиските власти дека жалителите нема да бидат подложени на постапување што не е во согласност со членот 3 од Конвенцијата или да бидат своеволно вратени во земјата на потекло.
Б. Членот 41 од Конвенцијата
212. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка овозможува да се направи само делумно обесштетување, Судот, доколку е потребно, ќе и додели на оштетената страна, правичен надоместок.“
213. Секој од жалителите побаруваа по 15.000 евра за нематеријална штета која наводно ја претрпеле.
214. Владата го оспори тоа побарување, посочувајќи дека животите на жалителите биле спасени благодарение на интервенцијата на италијанските власти.
215. Судот смета дека жалителите морале да искусат одредена неволја за која наодите на повреди од Судот сами по себе не можат да претставуваат правичен надоместок. Со оглед на природата на повредите утврдени во актуелниов случај Судот смета за правично да го потврди побарувањето на жалителите и на секој од нив им доделува по 15.000 евра за нематеријална штета кои ќе им се поверат на застапниците за жалителите.
В. Трошоци и издатоци
216. Жалителите исто така побаруваа 1.575,74 евра за трошоци и издатоци направени пред судот.
217. Владата го оспори ова побарување.
218. Според утврдената судска пракса на Судот, можат да се доделат средства за трошоци и издатоци само доколку навистина и неопходно биле направени од страна на жалителот и се разумни во обем. Во овој случај и со оглед на документите што му се на располагање и својата судска пракса Судот смета дека вкупниот побаруван износ за постапките пред Судот е разумен и износот им го доделува на жалителите.
Г. Казнена камата
219. Судот смета дека е соодветно казнената каматна стапка да се заснова на маргиналната стапка на позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучи,со тринаесет гласа наспроти четири да ја избриши жалбата од својата листа што се однесува до г-динот Мохамед Абукар Мохамед и г-динот Хасан Шариф Абирахман;
2. Одлучи, едногласно да не ја избриши жалбата од својата листа што се однесува до останатите жалители;
3. Одлучи, едногласно дека жалителите биле под јуриздикција на Италија во согласност со членот 1 од Конвенцијата;
4. Едногласно ги обедини во однос на основаноста прелиминарните приговори на Владата во врска со неисцрпувањето на домашните правни лекови и тоа дека жалителите немале статус на жртва;
5. Ги прогласи за допуштени, едногласно, жалбите согласно членот 3;
6. Одлучи едногласно дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата врз основа на фактот дека жалителите биле изложени на ризик да бидат подложени на малтретирање во Либија и го одбива прелиминарниот приговор на Владата во врска со тoa дека жалителите немале статус на жртва;
7. Одлучи, едногласно дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата врз основа на фактот дека жалителите биле изложени на ризик од репатриација во Еритреја и Сомалија;
8. Едногласно ја прогласи за допуштена жалбата согласно членот 4 од Протоколот бр. 4;
9. Одлучи, едногласно, дека имало повреда на членот 4 од Протоколот бр. 4;
10. Едногласно ја прогласи за допуштена жалбата согласно членот 13 земен заедно со членот 3 од Конвенцијата и членот 4 од Протоколот бр. 4;
11. Одлучи, едногласно дека имало повреда на членот 13 разгледан заедно со членот 3 од Конвенцијата и членот 13 разгледан заедно со членот 4 од Протоколот бр. 4 и го одбива прелиминарниот приговор на Владата во врска со неисцрпувањето на домашните правни лекови;
12. Одлучи едногласно
(а) дека тужената држава треба да им ги исплати на жалителите во рок од три месеци следниве износи;
(i) по 15.000 евра (петнаесет илјади евра) на секој за нематеријалната штета, плус секој данок на кој можеби подложат, износи што треба да им се поверат на застапниците за жалителите;
(ii) 1.575,74 евра (илјада и петстотини седумдесет и пет евра и седумдесет и четири центи) вкупно за трошоци и издатоци, плус секој данок на кој можеби подложат жалителите;
(б) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата простата камата ќе се плаќа на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка на позајмување на Европската централна банка за време на казнениот период плус три процентни поени;
Изготвена на англиски и француски јазик, и донесена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 23 февруари 2012 г. во согласност со правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Мајкл О’БојлНиколас Браца
Секретар Претседател
Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, издвоеното мислење на судијата Пинто де Албукерки е приложено кон оваа пресуда.
Н.Б.
М.О’Б.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy