© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (www.coe.int/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА ЈАБЛОНСКИ ПРОТИВ ПОЛСКА
(Жалба бр. 33492/96)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
21 декември 2000 год.
Во случајот на Јаблонски против Полска,
Европскиот суд за човекови права (Четвртата секција), кој заседаваше во рамките на Судски совет составен од:
Г-динГ. Рес (G. Ress), претседател,
Г-динА. Пастор Ридруехо (A. Pastor Ridruejo),
Г-динЛ. Кафлиш (L. Caflisch),
Г-динЈ. Макарчик (J. Makarczyk),
Г-динВ. Буткевич (V. Butkevych),
Г-ѓаН. Вајиќ (N. Vajić),
Г-динЈ. Хедиган (J. Hedigan), судии,
и г-дин В. Бергер (V. Berger), секретар на секција,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 7 јули и 12 декември 2000 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше упатен до Судот, во согласност со одредбите што се применуваа пред стапување на сила на Протоколот бр. 11 на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на полската Влада („Владата“) на 26 јануари 1999 г. Таа потекнува од жалба (бр. 33492/96) против Република Полска поднесена до Европската комисија за човекови права („Комисијата“) согласно поранешниот член 25 од Конвенцијата од полскиот државјанин, г-динот Хенрик Јаблонски („жалителот“), на 2 јануари 1995 г.
2. Жалителот, кому му била доделена правна помош, беше претставен од г-ѓата З. Данишевска-Дек, адвокат со пракса во Биалисток (Полска). Полската Влада беше претставена од својот агент, г-динот К. Дрзевицки, од Министерството за надворешни работи.
3. Жалителот тврдеше, конкретно дека неговиот притвор бил претеран; дека во постапките пред Врховниот суд, во врска со продолжувањето на неговиот притвор после законски определениот временски рок, законитоста на неговиот притвор не била утврдена „брзо“, и дека неговото право на „расправа во разумен рок“ не било почитувано.
4. Жалбата била прогласена за делумно допуштена од страна на Комисијата (Вториот судски совет) на 16 април 1998 г. Во својот извештај од 21 октомври 1998 г. (поранешниот член 31 од Конвенцијата) таа изрази едногласно мислење дека имало повреда на членот 5 § 3, членот 5 § 4 и членот 6 § 1 од Конвенцијата.
5. На 31 март 1999 г. Големиот судски совет одлучи дека случајот треба да биде разгледан од една од секциите на Судот. Последователно, жалбата беше доделена на Четвртата секција на Судот (правило 52 § 1 од Деловникот на Судот). Во рамките на Секцијата, Судскиот совет што требаше да го разгледа случајот (член 27 § 1 од Конвенцијата) бил формиран согласно правилото 26 § 1 од Деловникот на Судот.
6. И жалителот и Владата поднесоа сопствените забелешки во однос на основаноста (правилото 59 § 1). Последователно, Судскиот совет, по консултациите со странките одлучи дека не била потребна расправа во врска со основаноста (правило 59 § 2 in fine).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
А. Притворот на жалителот и постапката против него
7. Ноќта на 23 април 1992 г. жалителот отишол на лекар и побарал од него да дојде и да му помогне на Ј.Ц. Тој тврдел дека вториов бил сериозно претепан од непознати лица. Ј.Ц. кој имал сериозни повреди на главата веднаш бил пренесен во болница. Животот му бил спасен. На 21 мај 1992 г. регионалниот обвинител на Биалисток (Prokurator Wojewódzki) го обвинил жалителот за тешка кражба, вооружено разбојништво и обид за убиство, и го притворил заради основан сомнеж дека ги сторил делата за кои бил обвинет и заради нивната сериозна природа. Истрагата била завршена на 12 август 1992 г.
8. Набрзо после тој датум жалителот побарал да се наредби упатување на случајот на дополнителна истрага. Конкретно, побарал да се обезбедат докази од одредени сведоци. Обвинителот го отфрлил неговото барање за сведоци да бидат повикани, но наредил да се обезбеди стручен извештај од психијатари за да се утврди менталната состојба на жалителот.
9. На 12 октомври 1992 г. регионалниот обвинител на Биалисток поднел обвинение до Регионалниот суд на Биалисток (Sąd Wojewódzki). Жалителот бил обвинет за обид за убиство, вооружено разбојништво и тешка кражба.
10. Од октомври 1992 г. до крајот на 1993 г. жалителот, кој во материјалното време бил притворен во Центарот за притвор на Биалисток, штрајкувал со глад. На 26 октомври 1992 г. наводно намерно ја повредил својата лева рака.
11. На 1 септември 1993 г. Регионалниот суд на Биалисток го одбил барањето на жалителот за ослободување поднесено на непознат датум. Судот одлучил дека причините што првично биле дадени за неговиот притвор, односно, основан сомнеж дека тој ги сторил делата за кои бил обвинет и сериозната природа на тие дела сè уште важеле. Од друга страна судот не нашол никаква причина да го ослободи жалителот заради здравствени причини или врз некоја од основите набројани во членот 218 од Законикот за кривична постапка (види исто така во параграфот 60 in fine долу), бидејќи сметал дека континуираниот штрајк со глад на жалителот имал за цел да го натера судот да донесе „одлука во негова корист“ во врска со неговиот притвор.
12. На 9 декември 1993 г. жалителот бил примен во болницата на Факултетот по гастрологија на Медицинската академија во Биалисток. Тој бил лечен до 17 декември 1993 г. Запис во релевантната медицинска евиденција од 17 декември 1993 г. вели, што се однесува на релевантното:
„[жалителот] беше примен во нашата болница во крајно лоша состојба на изнемоштеност ..., тој се жалел на општа слабост, болка во градите и палпитација на срцето. Тестовите што следеле покажале дека имал крајно ниско ниво на хемоглобин во неговата крв ... [4,1% и 6,7% според тестовите]... како резултат од хроничен недостаток на железо и витамини. За време на лекувањето му биле дадени две трансфузии и додатоци на железо ... како резултат на што состојбата му се подобрила. Препораки: добра исхрана и понатамошно лекување. Од медицинска гледна точка, тој сега не би требало да биде држен во затвор.
13. На 17 декември 1993 г. жалителот бил земен и повторно притворен во Затворот во Барчево. Бил сместен во одделението за интерни болести, каде останал до 24 декември 1993 г. Тој бил дијагностициран со анемија и гастрит. Бидејќи жалителот не се согласил на никакви дополнителни тестирања и одбивал да ги прима лековите повторно бил сместен во затворскиот оддел
14. Во меѓувреме судечкиот суд закажал расправи за 27 ноември 1992 г., 20 јануари, 2 јуни и 24 септември 1993 г. но ги откажал сите на основ дека жалителот штрајкувал со глад. На 1 декември 1993 г. судењето било одложено затоа што жалителот одбил да ја напушти својата ќелија.
15. На 4 јануари 1994 г. жалителот напишал писмо до министерството за правда, со кое барал да биде ослободен заради многу лошата здравствена состојба. Тоа писмо било сметано за барање за ослободување согласно членот 214 од Законикот за кривична постапка, упатена до Регионалниот суд на Биалисток и била отфрлена од судот на 31 јануари 1994 г. Судот утврдил дека притворот на жалителот требал да биде продолжен затоа што имало основан сомнеж дека тој сторил сериозни кривични дела за кои бил обвинет. Судот се согласил дека од медицинска гледна точка, жалителот не би требало да биде држен во затвор. Меѓутоа нагласил дека неговата лоша здравствена состојба била резултат на неговото однесување, особено штрајкот со глад и затоа одбил да го ослободи.
16. На 14 февруари 1994 г. врз основа на жалба на жалителот Апелациониот суд на Биалисток (Sąd Apelacyjny) ја потврдил одлуката и основите дадени за истата.
17. На 13 март 1994 г. жалителот пикнал неколку парчиња метал во своето десно око. На 20 и 27 март 1994 г. тој си пикнал парчиња метал во своето лево око. На 23 март 1994 г. бил прегледан од психијатар кој заклучил дека тие акти на само-повредување биле форма на негов протест против пролонгирањето на кривичната постапка против него и неговиот притвор. Подоцна, жалителот бил сместен на офталмолошкото одделение на Битом Затворската болница каде што бил лекуван од 25 април до 23 јуни 1994 г. После тоа лекување, три парчиња метал останале во очите на жалителот.
18. На 29 април 1994 г. Регионалниот суд на Биалисток го отфрлил последователното барање за ослободување, првично упатено од жалителот до Државниот судски совет (Krajowa Rada Sądownictwa) и упатен од Советот до надлежниот суд. Судот сметал дека жалителот требало да биде држен во притвор од следниве причини:
“... Во контекст на документираните докази, нема сомнеж дека здравствената состојба на [жалителот] не е најдобра. Меѓутоа, тој самиот е одговорен за тоа бидејќи се довел себеси [во таква состојба] со својот неколкунеделен штрајк со глад, актите на само-повредување и негово постојано одбивање да прими медицински третман. ...
Судот не може да го укине налогот за притвор затоа што природата на делата за кои бил обвинет, сериозната социјална опасност што тие ја креирале и фактот дека [жалителот] се суди како рецидивист во рамките на значењето на членот 60 § 1 од Кривичниот законик, не одат во негов прилог.
Меѓутоа мора да се забележи дека здравствената состојба на [жалителот], иако не е добра не претставува опасност по неговиот живот во рамките на значењето на членот 218 од Законикот за кривична постапка затоа што тој добива медицинска нега, а [неговата состојба] сам си ја предизвикал. ...”
19. На непознат датум во јуни 1994 г. жалителот повторно побарал од Регионалниот суд на Биалисток за да го ослободи заради здравствени причини. Жалбата била отфрлена на 29 јуни 1994 г. На 15 јули 1994 жалителот поднел дополнителна жалба за ослободување, изјавувајќи дека во меѓувреме тој добил писмо од цивилна болница во Катовице која потврдила дека можел да биде примен во таа болница за да му извршат офталмолошко лечење. Жалбата била отфрлена првостепено на 15 јули 1994 г. и, по жалбата, од Апелациониот суд на Биалисток на 11 август 1994 г. Обата суда одлучиле дека немало валидна причина за ослободување на жалителот со оглед дека неговата состојба, иако сериозна, била влошена од повредите кој сам си ги нанел. Судовите исто така се потпирале на основаниот сомнеж дека ги извршил делата за кои бил обвинет и заради нивната сериозна природа.
20. На 31 август 1994 г. жалителот побарал од Регионалниот суд на Биалисток да обезбеди докази од офталмолог. Тој тврдел дека страдал од неиздржливо голема болка во своите очи. Судот го упатил прашањето до властите во Центарот за притвор во Биалисток. На 28 септември 1994 г. заменикот управник го разгледал барањето и одбил да повика офталмолог врз основа на мислењето на лекарите што претходно го прегледале жалителот дека немало потреба да се лечи во цивилна болница и дека главниот затворски лекар за регионот на Биалисток не сметал дека е соодветно да се повика таков експерт.
21. На 5 октомври 1994 г. требало да се одржи расправа, но била откажана со оглед дека во меѓувреме жалителот си нанел одредени ненаведени повреди. На 22 ноември 1994 г. Регионалниот суд ја откажал следната расправа бидејќи жалителот кога ја напуштал ќелијата се повредил удирајќи си ја главата во ѕид. Бил однесен во Болницата во Биалисток каде го прегледал невролог.
22. На 5 декември 1994 г. судот ја одложил судската расправа бидејќи утврдил дека жалителот повторно си нанел повреди (си вбрзигал плунка во ногата и имал гној и чир на коленото).
23. На 17 јануари 1995 г. судењето било одложено бидејќи жалителот зел прекумерна доза на ненаведен лек.
24. Од 17 до 22 февруари 1995 г. жалителот бил лекуван во Затворската болница во Барчево. Со оглед на тоа, судот ја откажал расправата закажана за 21 февруари 1995 г.
25. Последователно, на непознат датум, жалителот голтнал две метални прачки и три парчиња жица. Тој не се согласил да биде опериран во затворската болница. Бидејќи не бил во состојба да се појави на судење судот ја откажал расправата закажана за 27 април 1995 г.
26. На 28 април 1995 г. судот побарал мислење од управникот на Затворот во Барчево за здравјето на жалителот, и кога жалителот би бил пренесен во Центарот за притвор во Биалисток. На 10 мај 1995 г. директорот на Затворската болница во Барчево одговорил дека жалителот во повеќе прилики си нанел повреди (односно, голтнал парчиња метал) и одбил да се оперира. Затоа невозможно е за затворските служби да го пренесат во Центарот за притвор во Биалисток (Биалисток е околу 150 км оддалечен од Барчево).
27. На 6 јуни 1995 г. надлежниот суд повторно побарал мислење од управата на Затворот во Барчево за здравствената состојба на жалителот. Директорот на Затворската болница Барчево одговорил на 23 јуни дека жалителот треба да остане во болница бидејќи имал парчиња метал и во очите и во хранопроводот.
28. Подоцна, Регионалниот суд на Биалисток побарал од Врховниот суд (Sąd Najwyższy) да го пренесе случајот на жалителот во друг регионален суд, суд што бил поблиску до затворот во кој жалителот бил држен во притвор. Врховниот суд го одбил тоа барање на 17 август 1995 г.
29. На 5 септември 1995 г. заменикот гувернер на Затворот во Барчево го информирал Регионалниот суд дека жалителот сè уште не бил во состојба да биде префрлен бидејќи голтнал парче метал.
30. На 25 октомври 1995 г. судот побарал мислење од управата на Затворот во Барчево за здравствената состојба на жалителот. Директорот на Затворската болница во Барчево одговорил на 20 ноември 1995 г. дека очите на жалителот не требале да му бидат оперирани туку препорачал да му се оперира стомакот.
31. На 24 ноември 1995 г. Регионалниот суд на Биалисток го отфрлил последователното барање за ослободување поднесено од жалителот на неодреден датум. Во својата одлука судот се потпирал на основаниот сомнеж дека жалителот ги извршил делата за кои бил обвинет и нивната сериозна природа. Утврдувајќи дека нема посебни околности кои би можеле да го оправдаат ослободувањето по основ на здравствената состојба, судот исто така ја зел во предвид медицинската потврда која покажала дека жалителот можел да биде лекуван во затвор.
32. Во меѓувреме на почетокот на ноември 1995 г. жалителот се жалел до затворските власти на различни заболувања, пред сè циста во бубрегот и уринарни проблеми. Неколку испитувања со ултразвук спроведени во тоа време покажале дека жалителот имал циста со дијаметар од дваесет милиметри во бубрегот. Тој одбил да го оперира бубрегот на уролошкото одделение во Затворската болница во Лоѓ и побарал да биде ослободен за да му се овозможи да биде лекуван во цивилна болница.
33. На 15 декември 1995 г. Регионалниот суд на Биалисток го прашал управникот на Затворот во Барчево дали жалителот би можел да биде пренесен во Центарот за притвор во Биалисток. Управникот одговорил на 15 февруари 1996 г. Тој изјавил дека затворските лекари сметале дека жалителот не бил во состојба да биде префрлен.
34. На 20 декември 1995 г. жалителот поднел барање до Врховниот суд за ослободување.
35. На 29 декември 1995 г. Регионалниот суд на Биалисток одлучил да поднесе барање до Врховниот суд притворот на жалителот да му се продолжи до 30 декември 1996 г. Барањето било поднесено со оглед на фактот дека измените и дополнувањата на членот 222 од Законикот за кривична постапка (со која се утврдувал максимален законски рок за притворот) требале да стапат на сила на 1 јануари 1996 г. (види во параграф 61 долу), а во тоа време притворот на жалителот веќе го надминал релевантниот временски рок. Во тоа барање судот се потпирал на следниве главни причини:
„Судењето беше закажано за 27 ноември 1992 г., но не се одржа бидејќи обвинетиот започна штрајк со глад што траеше неколку месеци. Кога обвинетиот го заврши својот штрајк со глад, тој намерно си нанесе повреди за да го натера [судот] да донесе одлука во негова корист и да ја смени превентивната мерка што му беше изречена. ...
Тоа му оневозможи на судот да продолжи, или всушност да го започне, судењето. Со оглед на здравствената состојба што произлегува од неговото сопствено однесување, [жалителот] во неколку прилики беше прегледан од лекари од различни специјалности и беше хоспитализиран неколку месеци. Од експертските мислења не произлезе (и не произлегува) дека неговата состојба би го ставила во опасност неговиот живот или здравје, особено со оглед дека [жалителот] е под постојана медицинска нега. Во моментов, тој се наоѓа во Затворската болница во Барчево.
Од овие причини барањето за неговиот притвор да биде продолжен е оправдано. Неговиот притвор треба да биде продолжен до 30 декември 1996 г. бидејќи, со оглед на неговите акти на самоповредување, не може да се знае кога обвинетиот ќе биде донесен на судење.“
Со оглед дека релевантниот амандман не стапи на сила до 4 август 1996 г., тоа барање никогаш не било поднесено до Врховниот суд.
36. На 30 декември 1995 г. Врховниот суд го пренел барањето на жалителот за ослободување од 20 декември 1995 г. до Регионалниот суд на Биалисток. На 15 јануари 1996 г. претседателот на Регионалниот суд на Биалисток го префрлил на главниот судија на Кривичниот оддел на тој суд.
37. На 19 јануари 1996 г. Регионалниот суд на Биалисток во состав од три судии го отфрлил тоа барање, одлучувајќи дека немало околности во врска со здравствената состојба на жалителот која зборува во корист на неговото ослободување и дека неговата лоша здравствена состојба била предизвикана во целост од неговото сопствено однесување. Судот сметал дека жалителот сакал да го присили да „донесе одлука во негова корист во врска со неговиот притвор“ и дека „неможноста да се донесе на судење ги намалило шансите за решавање на неговите жалби“.
38. Во меѓувреме, на непознат датум, жалителот се жалел до Врховниот суд на времетраењето на неговиот притвор кој веќе надминал три година. На 25 јануари 1996 г. неговата жалба била упатена до Апелациониот суд на Биалисток. На 8 февруари 1996 г. потпретседателот на тој суд одговорил на жалбата. Тој изјавил дека расправата во случајот на жалителот била откажана пет пати затоа што жалителот започнал штрајк со глад, а потоа по основ дека сам си се повредил. Тој исто така нагласил дека немало индикација дека жалителот требало да биде ослободен од здравствени причини со оглед дека бил под медицинска нега во затворот.
39. На 8 март 1996 г. судот побарал мислење од управата на Затворот во Барчево за здравствената состојба на жалителот. Директорот на Затворската болница во Барчево одговорил на 19 март 1996 г. Тој изјавил дека некои од металните предмети што ги голтнал му биле во стомакот на жалителот, но дека одбивал да биде опериран во затворската болница. Според мислењето на директорот жалителот бил во состојба да учествува во своето судење, но не бил во состојба да биде пренесен во Биалисток.
40. Подоцна, жалителот побарал од Регионалниот суд на Биалисток да го ослободи со оглед на неговата здравствена состојба. Жалбата била отфрлена на 29 март 1996 г. Жалителот се жалел против отфрлањето, тврдејќи дека неговиот притвор во меѓувреме надминал четири години и дека неговата здравствена состојба била очајно лоша.
41. На 19 април 1996 г. Апелациониот суд на Биалисток го отфрлил тоа барање, утврдувајќи дека иако жалителот бил во притвор речиси четири години, продолжувањето на неговиот притвор се должело исклучиво на неговото однесување. Судот сметал дека основите што почетно биле дадени за неговиот притвор сè уште важеле. Тој посочил дека понатамошниот тек на постапката зависела исклучиво од однесувањето на жалителот. Тој сугерирал дека промената во односот на жалителот би резултирала со итно разгледување на неговиот случај и дека таквата промена од друга страна можела да резултира со тоа што судот „ќе го сменел своето гледиште дали притворот требало да биде продолжен“.
42. На 24 април 1996 г. судот побарал од надлежните во Затворот во Барчево мислење дали жалителот можел да биде пренесен во Биалисток. На 8 мај 1996 г. директорот на Затворската болница во Барчево го информирал судот за, меѓу другото, следново:
“... [жалителот] постојано си нанесува повреди. Последниот пример на такво однесување се случил на 7 февруари 1996 г. Од тие причини тој не е во состојба да биде префрлен. Тој може да учествува во своето судење.“
43. На непознат датум во мај или јуни 1996 г. жалителот повторно поднел барање за ослободување. На 11 јуни 1996 г. Регионалниот суд на Биалисток го отфрлил со оглед на високата веројатност дека тој ги сторил делата за кои бил обвинет и заради нивната сериозна природа. Судот исто така не утврдил никакви околности кои зборувале во прилог за ослободување на жалителот заради здравствените причини, како што е дефинирано во Законикот за кривична постапка. Во тој контекст тој посочил дека здравјето на жалителот зависело од него самиот, особено со оглед дека неговата актуелна состојба произлегла од неговиот штрајк со глад и повредите што сам си ги нанел. Конечно, судот нагласил дека тоа произлегло од медицинските докази дека неговиот континуиран притвор не претставувал опасност по неговиот живот или здравје.
44. На 10 јули 1996 г. судот побарал од управата на Затворот во Барчево мислење дали жалителот можел да биде пренесен во Биалисток. Тие одговориле на 16 јули 1996 г., изјавувајќи дека жалителот одбил да му биде опериран стомакот. Било препорачано да биде притворен во болничкото одделение на затворот. Не биле спомнати никакви пречки за префрлање на жалителот во Биалисток.
45. На 6 август 1996 г. Регионалниот суд на Биалисток побарал од Врховниот суд да го продолжи притворот на жалителот до 30 јули 1997 г. со оглед на фактот дека тој се обидел да го попречи соодветното одвивање на постапките. Судот исто така изнел:
„...притворот требало да биде продолжен до 30 јули 1997 г. ... со оглед дека обвинетиот си нанел повреди и затоа не е познато кога ќе биде во состојба да биде донесен на судење.“
46. На 5 септември 1996 г. Врховниот суд, кој заседавал in camera, го продолжил притворот на жалителот до 1 март 1997 г. утврдувајќи дека жалителот на исклучителен начин го попречувал соодветното одвивање на постапката и намерно допринел за нејзиното времетраење. Судот исто така одлучил дека не било неопходно да се продолжува неговиот притвор до 30 јули 1997 г. и дека до 1 март 1997 г. Регионалниот суд би требало да може на нареди дополнителни медицински испитувања за жалителот, да закаже расправа и да даде пресуда. На 18 септември 1996 г. копија од одлуката на Врховниот суд му била врачена на жалителот.
47. На 13 септември 1996 г. жалителот се жалел до министерот за правда на времетраењето на неговиот притвор и текот на постапката во неговиот случај. Оваа жалба била проследена до Регионалниот суд на Биалисток и на 3 октомври 1996 г. претседателот од тој суд одговорил на истата. Тој утврдил дека немало нерегуларности во спроведувањето на постапката. Тој изјавил дека сите дванаесет расправи кои биле закажани во периодот од 27 ноември 1992 до 27 април 1995 г. биле откажани бидејќи жалителот сам си нанел повреди.
48. На непознат датум – наводно во септември 1996 г. – жалителот повторно побарал негово ослободување од здравствени причини. На 24 септември 1996 г. Регионалниот суд го отфрлил неговото барање, одлучувајќи дека постоел разумен сомнеж дека тој ги сторил делата во прашање и дека потребата за обезбедување на соодветно спроведување на постапката не одела во прилог на неговото ослободување. Судот исто така одлучил дека немал причина да го ослободи жалителот заради здравствени причини, бидејќи здравствените проблеми од кои страдал не биле опасни по неговиот живот или здравје и произлегле од неговите сопствени намерни акти на повредување.
49. На 10 октомври 1996 г. по жалбата на жалителот Апелациониот суд на Биалисток ја потврдил одлуката и одлучил, меѓу другото:
„Точно е дека обвинетиот е болен, иако повеќето од неговите здравствени проблеми се од повреди што сам си ги нанел. Од тие причини тој е под постојан медицински надзор во затвор. Тој исто така консултира лекари. Затворските власти не посочиле дека неговата состојба се влошила во толку голема мерка за да доведе неговиот притвор во затворската болница да претставува опасност за него.
Што се однесува до вториот аргумент изнесен од обвинетиот, аргумент кој во реалност се сведува на негов приговор на доказите [против него], мора да се забележи дека надлежниот суд на свое располагање имал докази собрани од обвинителството, но не бил во можност да ги проучи бидејќи обвинетиот го попречувал спроведувањето на судењето. Затоа во најдобар интерес на обвинетиот е да се направи напор неговиот случај да се сослуша. ...”
50. На 21 ноември 1996 г. жалителот бил пренесен во Центарот за притвор во Биалисток. На 9 декември 1996 г. Регионалниот суд на Биалисток закажал расправа за 31 декември 1996 г.; меѓутоа таа расправа била одложена за 10 јануари 1997 г. На 24 февруари 1997 г. судењето било одложено бидејќи повеќето сведоци и жртвата не се појавиле.
51. За време на расправата на 27 и 28 февруари 1997 г. Регионалниот суд ги чул доказите од сведоци и го отфрлил барањето на жалителот да се обезбедат дополнителни докази. На 28 февруари 1997 г. судот донел пресуда.
Тој го осудил жалителот за тешка кражба и обид за убиство и го осудил на казна затвор од 15 години, лишување од неговите граѓански права во времетраење од осум години и казна од 400 полски злоти.
52. Жалителот се жалел. Последователно, на неодреден датум тој барал изземање на Ј.Д.-С и Ј.З.-Л, двајца судии од Апелациониот суд на Биалисток кои биле назначени во апелациониот панелот, тврдејќи дека двајцата претходно одлучувале по неговите барања за ослободување и затоа тие не понудиле доволно гаранции за непристрасност. Неговото барање за изземање било отфрлено од Апелациониот суд на Биалисток како погрешно засновано.
53. На истиот ден судот одржал расправа по жалбата и донел пресуда со која се отфрлала жалбата на жалителот.
54. На 18 септември 1997 г. копија од пресудата на Апелациониот суд на Биалисток му била врачена на жалителот. На 1 октомври 1997 г. тој поднел жалба за касација, барајќи од судот да ја врачи изјавата за причините за пресудата против него. Тој ја поднел до властите на Затворот во Барчево на 3 октомври 1997 г.
55. На 20 октомври 1997 г. Апелациониот суд на Биалисток го отфрлил барањето за касација, бидејќи било поднесено после изминувањето на рокот од седум дена утврден во членот 464 § 3 од Законикот за кривична постапка.
56. На 1 ноември 1997 г. жалителот побарал од Министерството за правда да поднесе жалба за касација во негово име. Барањето било отфрлено на 22 јануари 1998 г. Подоцна, жалителот – исто така безуспешно – побарал од народниот правобранител (Rzecznik Praw Obywatelskich) да поднесе жалба за касација. Барањето било отфрлено на 11 декември 1998 г.
Б. Медицинскиот третман што жалителот го примил за време на својот притвор
57. За време на целото траење на притворот на жалителот полските затворски власти воделе детална медицинска евиденција за неговата здравствена состојба. Неговото досие меѓу другото содржело записи во врска со повредите што тој самиот си ги нанел.
Запис од 16 мај 1996 г. содржи забелешка на лекар која вели, што се однесува до релевантното:
„Предмети во стомакот?“
Запис направен на 20 ноември 1996 г. вели:
„одбива да биде подложен на рендгенско испитување; нема потврда за предметите во неговиот стомак.“
Во забелешка од лекар од 28 декември 1996 г., што се однесува на релевантното, се вели:
„На што се жали притвореникот, претходни здравствени проблеми и операции: предмети во очите; во моментов нема поплаки; предмети во неговиот стомак: на 25 октомври и 20 ноември 1996 г. [жалителот] одбил да биде подложен на рендгенско испитување; на 23 декември 1996 г. тврдел дека нема други предмети. ... Правам дополнително рендгенско испитување. Се жали на болки во стомакот. ... Психијатриската проверка од 4 ноември 1996 г. утврдила абнормална личност...
Дијагноза: предмети во очите; [што се однесува] до предметите во стомакот; [до денешен ден] во отсуство на резултатите од рендгенското испитување нема потврда дека, како што [жалителот] изјавува, нема такви предмети ... Општа состојба: добра; одредени перитонеални симптоми ... Заклучоци: [жалителот] може да биде притворен во затвор. Лекар [името и потписот нечитливи].“
Последователното рендгенско испитување направено во јануари 1997 г. не открило никакви предмети во стомакот на жалителот; потврдило кила на дијафрагмата.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
58. Во материјалното време правилата што се однесуваат на притворот биле содржани во Глава 24 од Законот од 19 април 1969 г. – Законик за кривична постапка (Kodeks postępowania karnego) - насловена како „Превентивни мерки“ (Środki zapobiegawcze). Законикот повеќе не е на сила. Бил укинат и заменет со Законот од 6 јуни 1997 г. (општо познат како „Новиот законик за кривична постапка“), кој стапил на сила на 1 септември 1998 г.
59. Законикот ги набројува како „превентивни мерки“, меѓу другото, притворот, кауцијата и полицискиот надзор.
Членот 209 ги утврдува општите основи кои го оправдуваат наметнувањето на превентивните мерки. Оваа одредба вели:
„Превентивните мерки можат да бидат изречени за да се обезбеди соодветно спроведување на постапките доколку доказите против обвинетиот доволно го оправдуваат мислењето дека тој го сторил кривичното дело.“
Членот 217 § 1 ги дефинира основите за притворот. Релевантниот дел од оваа одредба во верзијата што се применувала до 1 јануари 1996 г. уредува:
„1. Притворот може да се изрече доколку:
(1) постои разумен ризик дека обвинетиот ќе избега или ќе се крие, особено кога тој нема постојано место на живеење [во Полска] или неговиот идентитет не може да се утврди; или
(2) постои разумен ризик дека обвинетиот ќе се обиде да ги убеди сведоците да дадат лажни сведочења или да се попречи соодветното одвивање на постапките на некои други незаконски начини; или
(3) обвинетиот е обвинет за тешко кривично дело или за повторување на кривично дело на начин како што е дефиниран во Кривичниот законик; или
(4) обвинетиот е обвинет за дело кое претставува сериозна опасност за општеството.
...”
На 1 јануари 1996 г. потставовите 3 и 4 од членот 217 биле заменети и целата одредба преформулирана. Од тој датум наваму релевантните потставови велат:
„(1) постои разумен ризик дека обвинетиот ќе избега или ќе се крие, особено кога не може да се утврди неговиот идентитет или нема постојано место на живеење [во Полска]; или
(2) [ист како и пред 1 јануари 1996 г.].“
Ставот 2 од членот 217 уредувал:
„Доколку обвинетиот е обвинет за тешко кривично дело или меѓународен прекршок [за чие извршување тој можеби] подложи на казна затвор од законски максимум од најмалку осум години, или доколку првостепениот суд го осудил на најмалку три години затвор, потребата да се продолжи притворот за да се обезбеди соодветно одвивање на постапката може да е заснована на веројатноста дека ќе биде изречена тешка казна.“
60. Законикот ја утврдува маргината на дискреција при одлучувањето за одредена превентивна мерка. Членовите 213 § 1, 218 и 225 од Законикот биле засновани на правилото дека притворот не бил најекстремната превентивна мерка и дека не треба да биде изречен доколку можат да се применат полесни мерки.
Членот 213 § 1 уредувал:
„Превентивната мерка [вклучувајќи и притвор] веднаш ќе биде повлечена или сменета доколку основата за неа престанала да постои или се појавиле нови околности кои го оправдуваат повлекувањето на дадената мерка или нејзино заменување со построга или помалку строга мерка.“
Во членот 225 се вели:
„Притворот ќе се изрече само кога е задолжителен; ова значи дека нема да биде изречен доколку се смета дека можат да се применат мерките кауција или полициски надзор или двете мерки.“
Овие одредби за „задолжителен притвор“ (на пример, притвор додека се чека одлука по жалба против изречена казна затвор која надминува три години) биле укинати на 1 јануари 1996 г. со Законот од 29 јуни за измени и дополнувања на Законикот за кривична постапка и други кривични закони.
Конечно. Членот 218 уредува:
„Доколку нема посебни причини што го укажуваат спротивното, притворот треба да биде укинат, особено доколку:
(1) истиот може сериозно да го загрози животот или здравјето на обвинетиот; или
(2) истиот би вклучил претерано оптоварувачки последици по обвинетиот или неговото семејство.“
61. До 4 август 1996 г., односно датумот на кој релевантните одредби од новиот Закон од 29 јуни 1995 г. за измени и дополнување на Законикот за кривична постапка и други кривични закони стапиле на сила, законот немал утврдено никакви временски рокови во врска со притворот во судските постапки.
Почетно, одредбите со кои се определувал временскиот рок за притворот требало да стапат на сила на 1 јануари 1996 г.; меѓутоа на крај нивното стапување на сила било одложено за 4 август 1996 г.
Членот 222 од Законикот за кривична постапка во верзијата што се применувала после 4 август 1996 г., што се однесува до релевантното, уредува:
“3. Целото времетраење на притворот до датумот на кој првостепениот суд ќе ја донесе пресудата не може да надмине една година и шест месеци во случаи на кривични дела. Во случаите поврзани со сериозни кривични дела [дела за чие извршување лицето може да добие законски минимум од најмалку три години казна затвор] овој период не може да надмине две години.
4. Особено во оправдани случаи Врховниот суд, по жалбата поднесена од судот надлежен за случајот, ... може да го продолжи притворот за дополнителен утврден период кој го надминува рокот утврден во ставовите. 2 и 3, кога е неопходно во врска со суспендирањето на постапките продолжено психијатриско набљудување на обвинетиот; кога треба да се обезбедат докази од странство; или кога обвинетиот намерно го попречил укинувањето на постапките согласно став 3.“
На 28 декември 1996 г. согласно Законот од 6 декември 1996 г., ставот 4 од членот бил изменет и дополнет, а основите за продолжување на притворот после законскиот рок вклучувале и:
„... други значајни пречки, кои не можат да се надминат од властите што ги спроведуваат постапките...“
62. Одлуката на Врховниот суд во врска со жалбата согласно членот 222 § 4 претставувала посебна законска основа за континуираниот притвор. Нема жалба утврдена со закон против таквата одлука.
Во случаите кога Врховниот суд отфрлил такво барање, притвореникот морал да биде ослободен. Сè додека нема усвоена одлука, жалбата согласно членот 222 § 4 била третирана како основа за континуираниот притвор.
63. Од 1 јануари 1996 г. странка во кривична постапка може да поднесе барање за касација (kasacja) до Врховниот суд против секоја конечна одлука на апелациониот суд кој ја укинал постапката.
Согласно членот 467 § 2 од Законикот за кривична постапка, судот кој донел одлука против која е поднесена барање е надлежен да одлучи дали формалните услови за барање за касација биле исполнети. Доколку барањето на обвинетиот не било поднесено и потпишано од адвокат, морало да биде одбиена. Доколку барањето било во согласност со формалните услови, случајот бил упатуван до Врховниот суд. Согласно ставот 4 од членот 467, доколку Врховниот суд утврдел дека барањето било недопуштено, одлучувал „да не ја разгледа основаноста на барањето за касација“ (postanowienie o pozostawieniu kasacji bez rozpoznania).
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
64. Жалителот се жалеше дека неговиот притвор бил претеран и тој тврдеше дека имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата, чиј релевантен дел уредува:
„Секое лице уапсено или притворено според одредбите на став 1(в) од овој член има ... право на судење во разумен рок или да биде пуштен на слобода додека го чека судењето. Пуштањето може да се услови со давање гаранција дека тоа лице ќе се појави на судењето.“
А. Периодот што треба да се земе во предвид
65. Заеднички став е дека притворот на жалителот започнал на 21 мај 1992 г. кога бил притворен заради тешка кражба, вооружено разбојништво и обид за убиство и дека за потребите на членот 5 § 3 од Конвенцијата, завршил на 28 февруари 1997 г. кога бил осуден првостепено. Жалителот соодветно на тоа бил држен во притвор сè на сè четири години, девет месеци и седум дена.
66. Меѓутоа, со оглед дека декларацијата на Полска со која се признало правото на поединечна молба согласно поранешниот член 25 од Конвенцијата стапила на сила на 1 мај 1993 г. периодот на притворот на жалителот пред тој датум е надвор од јуриздикцијата ratione temporis на Судот (види Kudła v. Poland [GC], no. 30210/96, § 103, ECHR 2000-...).
Судот последователно уредува дека периодот што треба да се разгледа согласно членот 5 § 3 бил три години, девет месеци и дваесет и седум дена. Сепак, при утврдувањето дали континуираниот притвор на жалителот од 1 мај 1993 г. натаму бил оправдан, Судот ќе го земе во предвид фактот дека до тој датум жалителот веќе бил во притвор речиси една година (види Yağci and Sargin v. Turkey judgment of 8 June 1995, Series A no. 319-A, p. 18, § 49).
Б. Разумноста на времетраењето на притворот
1. Аргументи на странките
67. Жалителот тврдеше дека неговиот притвор бил претерано долг и дека властите не испеале да дадат валидни причини за истиот. Тој понатаму тврдеше дека уште во декември 1993 г. кога бил сместен во болницата на Академијата за медицина на Биалисток во состојба на крајна изнемоштеност од неговиот штрајк со глад, било утврдено без сомнеж дека од медицинска гледна точка тој не требало да биде држен во затвор.
Сепак властите не ја зеле во предвид таа медицинска препорака и го држеле во притвор речиси уште четири години, повторувајќи дека неговата здравствена состојба зависела исклучиво од неговото однесување.
68. Судовите не дале, жалителот тврдеше, доволно и релевантни причини за својот континуиран притвор. Нивните одлуки биле лаконски, нејасни и површни. Во текот на целиот период во прашање тие постојано се потпирале на основан сомнеж дека тој ги сторил делата за кои бил обвинет, сериозната природа на тие прекршоци и – понекогаш – тие додавале дека првичните основи за неговиот притвор и понатаму важеле.
69. Жалителот понатаму тврдеше дека судовите никогаш не ја разгледале можноста за изречување на други помалку строги превентивни мерки, иако таквите алтернативни начини за обезбедување на присуство на судењето биле овозможени со полското право. Во своите одлуки никогаш не објасниле зошто кауцијата или полицискиот надзор или обете овие мерки не би гарантирале дека постапките би се одвивале по својот тек.
70. Според гледиштето на жалителот Регионалниот суд на Биалисток во целост погрешно го сфатил неговото однесување, третирајќи ги сите негови акти на само-повредување во затвор како обиди да го натера да донесе одлуки во негов прилог и создавајќи само уште дополнителна причина да одбијат да биде ослободен. На пример, при оценувањето дали тој треба да биде ослободен од притвор, судот сметал дека не било релевантно колку лоша била неговата здравствена состојба бидејќи неговата состојба произлегла исклучиво од неговото однесување. Тоа не требало да биде сметано за релевантна основа за неговиот континуиран притвор: таква правна основа во лишувањето на лицето од неговата слобода не може да се најде меѓу оние наброени во членот 217 од Законикот за кривична постапка.
71. Исто така, судот во неколку прилики сугерираше дека продолжувањето на неговиот притвор и одвивањето на судењето зависеле исклучиво од неговото однесување, додека во реалноста и самиот суд бил пред сè одговорен за делење на правдата.
72. Жалителот исто така објасни дека таквиот однос кон него, земен заедно со фактот дека властите едвај дека воопшто одговориле на неговите бројни жалби, само го зголемиле неговиот очај и повторувањето на само-повредување насочено кон привлекување на вниманието на судот на очајната состојба во која бил.
73. Конечно, жалителот тврдеше дека судските власти не покажале посебна внимателност во водењето на постапката. Конкретно, тој можел да биде префрлен од Барчево во Биалисток уште на 16 јули 1996 г., но префрлањето се случило дури на 21 ноември 1996 г., затоа што расправата што била закажана за 31 декември 1996 г. била одложена, а судењето реално започнало на 10 јануари 1997 г. Според него тие неколку месеци едвај да можеле да се сметаат за пример на “посебно внимание“ од страна на Регионалниот суд на Биалисток, уште повеќе затоа што во тоа време веќе бил во притвор четири и пол години, што било повеќе од дупло подолг период на најдолгиот законски утврден временски рок.
74. Владата го отфрли ова тврдење. Тие тврдеа дека однесувањето на жалителот ги присилиле судовите да го продолжат неговиот притвор. Тој често почнувал штрајк со глад и во повеќе случаи си нанесувал повреди. Тој си ја повредил раката, коленото, голтнал метални прачки и жица и зел прекумерна доза со цел да не се чувствува добро. Последниот пример на таквото однесување се случил на 7 февруари 1996 г., кога тој голтнал метална прачка и од тогаш примал медицински третман. Во изјаснувањето на владата вкупното оддолжување на постапката што се должело на однесувањето на жалителот било три години, два месеци и шеснаесет дена и се случило од 1 мај 1993 г. до 16 јули 1996 г.
75. Владата понатаму тврдеше дека здравствената состојба на жалителот долго време била толку лоша што властите не можеле да го префрлат во Биалисток, каде што му се судело. Жалителот постојано одбивал да биде опериран со што металните прачки би му биле отстранети од стомакот. Како резултат на тоа бил задржан во Затворската болница во Биалисток до 21 ноември 1996 г.
76. Што се однесува до прашањето дали властите покажале „посебно внимание“ во водењето постапките, Владата се изјасни дека најпрво судовите делувале во рамките на законот и дека нивните одлуки за продолжување на притворот на жалителот имале доволна правна основа.
77. Владата сметаше дека во ниедна фаза од постапките властите не пропуштиле да делуваат внимателно и експедитивно. Иако долго време немало напредок во судењето, не можело да се најде никаква забелешка во однос на работата на Регионалниот суд бидејќи во тоа време жалителот не бил во состојба да биде изнесен пред суд. Судот редовно барал од управата во Затворот во Барчево мислење за неговата здравствена состојба. Сепак не бил во можност да утврди датум за неговото судење со оглед дека било невозможно жалителот да се префрли во Биалисток. Судот направил големи напори да го забрза судењето: дури побарал од Врховниот суд да го додели случајот на друг регионален суд, но без успех.
78. Владата последователно го повика Судот да одлучи дека немало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата во сегашно време.
2. Оценка на Судот
79. Судот повторува дека прашањето дали времетраењето на притворот е разумно или не може да се процени во апстрактен контекст. Дали е разумно за обвинетиот да остане во притвор мора да се процени во секој случај посебно согласно неговите посебните одлики. Континуираниот притвор може да биде оправдан во даден случај само ако постојат конкретни индикации за вистинската потреба на јавниот интерес која без разлика на пресумпцијата на невиност, надвладува над правилото за почитување на личната слобода утврдена во членот 5 од Конвенцијата (види ги, меѓу другите извори, Кудла против Полска, цитиран горе, §§ 110 et seq.).
Ова пред сè се однесува на националните судски власти, за да се обезбеди дека, во дадениот случај, притворот пред судење на обвинето лице да не надмине разумно време. За оваа цел тие мора, имајќи го на ум принципот на пресумпција на невиност, да ги проверат сите факти за или против постоењето на гореспоменатиот услов од јавен интерес со кој се оправдува оддалечувањето од правилото во членот 5 и мора да ги вградат во своите одлуки по барањата за ослободување. Во суштина врз основа на причините дадени во оваа одлука и добро-документираните факти изнесени од жалителот во неговите жалби Судот е повикан да одлучи дали имало повреда на членот 5 § 3 или не (види исто така Muller v. France judgment of 17 March 1997, Reports of Judgments and Decisions 1997-II, p. 388, § 35).
80. Истрајноста на разумен сомнеж дека лицето што е уапсени сторила дело е услов sine qua non за законитоста на континуираниот притвор, но после одреден временски период повеќе не доволен. Во такви случаи Судот мора да утврди дали другите основи посочени од судските власти и понатаму го оправдуваат лишувањето од слобода. Кога таквиот основ е „релевантен“ и „доволен“ Судот мора исто така да биде задоволен дека национални власти покажале „посебна трудољубивост“ во спроведувањето на постапката (ибид).
81. Судот забележува дека во актуелниот случај судските власти најпрво се потпирале на разумен сомнеж дека жалителот ги сторил делата за кои бил обвинет, сериозната природа на тие дела и потребата да се обезбеди соодветно одвивање на постапките. Тие ги повториле тие основи во речиси сите свои одлуки донесени од 1 мај 1993 г. до 28 февруари 1997 г. (види во параграфите 11, 15-16, 18-19, 31, 37, 40-41, 43, 45-46 и 48-49 горе).
Кога жалителот започнал штрајк со глад и потоа кога тој повеќе пати си нанел различни повреди, судовите започнале да ги засноваат своите одлуки врз фактот дека неговата лоша состојба била предизвикана од неговите намерни дејствија на само-повредување во затвор и од тие причини одбил да го ослободи од здравствени причини. Тие сметале дека однесувањето на жалителот имало за цел да ги присили да го ослободат. Тие исто така одлучиле дека жалителот требал да биде држен во притвор бидејќи со оглед дека тој бил под медицинска нега во затвор неговиот континуиран притвор не достигнал ниво на опасност по неговиот живот (види во параграфите 18-19, 31, 37, 41 и 43 горе).
Исто така се чини од барањето на Регионалниот суд до Врховниот суд и од одлуката на овој суд да го продолжи притворот на жалителот и после законски утврдените рокови, дека фактот дека жалителот претходно самиот си нанел повреди и на тој начин го попречил напредокот на неговото судење, биле главната причина зошто неговиот притвор бил пролонгиран за шест месеци (види во параграфите 45-46 горе).
82. Судот прифаќа дека сомнежот против жалителот дека ги извршил сериозните дела за кои бил обвинет можеби на почетокот го оправдувале неговиот притвор. Сепак Судот не прифаќа дека тоа може на се смета за „релевантен и доволен“ основ за да биде држен во притвор целиот релевантен период.
Жалителот сугерираше дека судовите требале да го ослободат затоа што здравјето му било во многу лоша состојба и постојано му се влошувало со неговиот притвор. Судот меѓутоа би посочил дека членот 5 § 3 не може да се прочита како обврзувачки за националните власти да го ослободат притвореникот на сметка на неговата здравствена состојба. Прашањето дали состојбата на лицето во притвор е или не е компатибилна со неговиот континуиран притвор пред сè треба да биде утврдено од националните власти и со оглед дека Судот има одлучено во контекст на членот 3 од Конвенцијата, тие судови генерално не се обврзани да го ослободат заради здравствената состојба или да го сместат во цивилна болница за да му овозможат да добие одреден вид на медицински третман (види Кудла против Полска, цитирана горе, § 93).
83. Од друга страна, Судот забележува дека согласно членот 5 § 3 властите, кога одлучуваат дали едно лице треба да биде ослободено или притворено обврзани се да ги разгледаат алтернативните мерки за обезбедување на неговото појавување во суд. Навистина тој член го поставува не само правото на „судење во разумен рок или ослободување во исчекување на судењето“ туку исто така уредува дека ослободувањето може да биде условено од гаранции да се појави на судење“ (види, mutatis mutandis, the Neumeister v. Austria judgment of 27 June 1968, Series A no. 8, p. 3, § 3).
Таа одредба не им дава на судските власти избор меѓу обвинетиот да се изнесе пред суд во разумен рок или да му се даде привремено ослободување – дури и да е подложно на гаранции. До осудувањето тој мора да се смета за невин и целта на членот 5 § 3 во основа бара негово привремено ослободување откако неговиот континуиран притвор ќе престане да биде разумен (види ја пресудата во случајот Нојмаистер цитирана горе, § 4).
84. Ако се осврнеме на околностите во овој случај, Судот забележува дека во текот од период од неколку години кои жалителот ги поминал во притвор се чини дека воопшто не е земена во предвид можноста да му се изречат други „превентивни мерки“ – како што се кауција или полициски надзор – изречно предвидени со полскиот закон за да се обезбеди соодветно одвивање на кривичната постапка (види во параграф 60 горе).
При повторувањето дека жалителот треба да се држи во притвор за да се обезбеди соодветно одвивање на судењето, релевантните судови не зеле во предвид никакви други гаранции за негово појавување на судењето. Тие не споменале зошто тие алтернативни мерки не би го гарантирале неговото присуство пред судот и зошто, доколку жалителот бил ослободен, неговото судење би се одвивале по соодветниот тек. Ниту пак тие посочувале на некаков фактор дека постоел ризик од бегство, криење или на некој друг начин избегнување на правдата.
Во тој контекст Судот исто така утврди дека воопшто не бил земен во предвид фактот дека со минувањето на времето и со оглед на бројот и карактерот на актите на самоагресија на жалителот во затвор, било сè појасно дека неговото држење во притвор повеќе не и служело на целта за негово изнесување „пред суд во разумен рок“ (види во параграфите 17, 20‑27, 29 и 32-33 горе).
Во овие околности, Судот смета дека продолжениот притвор на жалителот не може да се смета за „неопходен“ од гледна точка на обезбедување на соодветен тек на постапките.
85. Судот соодветно на тоа заклучува дека причините на кои се потпираат судовите во своите одлуки не биле доволни за да се оправда жалителот да биде држен во притвор три години и речиси десет месеци опфатени со јуриздикцијата ratione temporis на Судот.
Последователно, дошло до повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 4 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
86. Жалителот понатаму се жалеше дека постапките во кои Врховниот суд го продолжил неговиот притвор после законскиот рок не биле спроведени „брзо“. Тој тврдеше дека членот 5 § 4 од Конвенција бил прекршен, а тој уредува:
„Секое лице лишено од слобода со апсење или притворање има право да иницира постапка со која за кус рок судот ќе се одлучи за законитоста на неговиот притвор и ако тоа не било законско, ќе нареди негово ослободување.“
А. Применливост на членот 5 § 4
87. Применливоста на членот 5 § 4 во постапките во прашање не беше оспорена. Судот не гледа никаква причина да одлучи поинаку: Врховниот суд кога го продолжил притворот на жалителот не се придржувал до поставување на чиста рамка во која понискиот суд би бил слободен да донесе дополнителна одлука (види во параграф 62 горе). Тој суд одлучувал за соодветноста и неопходноста жалителот да се држи во притвор или да се ослободи, и како што Владата тврдеше (види во параграф 90 in fine долу), ги разгледал околностите за „законитоста“ на мерките утврдени во полскиот закон (види, a contrario, the Toth v. Austria judgment of 25 November 1991, Series A no. 224, p. 24, § 87).
Б. Периодот што треба да се земе во предвид
88. Судот забележува дека странките се согласиле дека периодот во прашање започнал на 6 август 1996 г., кога Регионалниот суд на Биалисток поднел барање согласно членот 222 § 4 од Законикот за кривична постапка до Врховниот суд и завршил на 18 септември 1996 г., кога релевантната одлука му била врачена на жалителот (исто така види во параграфите 45-46 горе). Тоа значи дека истиот траел четириесет и три дека.
В. Придржување на членот 5 § 4
89. Жалителот тврдеше дека тој период бил претеран. Тој нагласи дека единственото прашање што требало да биде утврдено од Врховниот суд било дали тој го попречил соодветното одвивање на неговото судење во рамките на значењето на членот 222 § 4 од Законикот за кривична постапка.
90. Владата од своја страна сметаше дека со оглед на огромниот број на случаи пред Врховниот суд како резултат на трупање на слични жалби, не можело да се каже дека пресудата за законитоста на притворот на жалителот била донесена со такво доцнење што би значело прекршување на членот 5 § 4.
Во таа смисла тие исто така нагласија дека властите ги предвиделе последиците од измените и дополнувањата на кривичното законодавство, особено воведувањето на одредби со кои се утврдувале рокови за притворот и значително го зголемиле бројот на судии во Врховниот суд кои работеле на кривични случаи. До 1 јули 1996 г. бројот на судии на Кривичниот судски совет достигнал дваесет. Тоа покажало дека полските власти – со потребната брзина – обезбедиле одлуките по жалбите согласно членот 222 § 4 да се носат „брзо“.
Пресудата на Врховниот суд, додаде Владата, не била ограничена само на чистиот наод дали жалителот го попречил или не прекинот на своето судење, туку вклучувала и утврдување на прашањето дали обвиненијата против него биле доволно поддржани со докази и дали неговото држење во притвор било неопходно за да се обезбеди соодветно спроведување на постапката.
91. Судот потсетува дека членот 5 § 4, во гарантирањето на правото на лицата што се уапсени или притворени да им биде разгледана законитоста на нивниот притвор, исто така го прогласува нивното право, следејќи го спроведувањето на таквите постапки, на брза судска одлука во врска со законитоста на притворот и на наредба за негово прекинување доколку се докаже дека се незаконски (види, на пример, Baranowski v. Poland no. 28358/95, § 68, ECHR 2000-III).
92. Наодот дали релевантната одлука била донесена „брзо“ или не во рамките на значењето на таа одредба зависи од конкретните одлики на случајот. Во одредени случаи сложеноста на медицинските – или други – прашања вклучени во утврдувањето на тоа дали лицето треба да биде притворено или ослободено може да биде фактор кој може да се земе во предвид кога се оценува почитувањето на условите од членот 5 § 4. Меѓутоа, тоа не значи дека сложеноста на даденото досие – дури и во исклучоци – ги ослободува националните власти од нивните суштински обврски согласно оваа одредба (види, mutatis mutandis, Барановски против Полска, цитиран горе, § 72; и Musiał v. Poland [GC], no. 24557/94, § 43, ECHR 1999-II).
93. Според гледиштето на Судот, постои посебна потреба од брза одлука за утврдување на законитоста на случаите кога се чека судењето. Засегнатото лице треба во целост да има корист од принципот на пресумпција на невиност, особено ако – како во овој случај – притворот веќе траел околу четири години (види во параграфите 1 и 45-46 горе).
94. Точно е дека периодот од четириесет и три дена може prima facie да не се чини претерано долг. Сепак судот само во еден случај донел одлука во случај на жалител и во времето на таа одлука тој веќе имал поминато во притвор период дупло подолг од максималниот рок за притвор предвиден во полското право (види во параграф 61 горе).
Исто така, Владата не се изјасни пред Судот дека сложени прашања биле вклучени во утврдувањето на законитоста на притворот на жалителот. Самиот Суд утврди дека не бил таков случајот; навистина главното прашање разгледано од Врховниот суд било да се види дали имало некакви вонредни, и исцрпно наброени правни основи за продолжување на притворот после законски утврдениот рок согласно членот 222 § 4.
Сè на сè Судот смета дека полските власти не успеале да одлучат „брзо“ по законитоста на континуираниот притвор на жалителот.
Последователно, дошло до повреда на членот 5 § 4 од Конвенцијата.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 6 § 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
95. Жалителот тврдеше, за крај, дека неговото право на „расправа во разумен рок“ не било почитувано и дека соодветно на тоа имало повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата, чиј релевантен дел уредува:
„При утврдувањето на ... некое кривично обвинение против него, секој има право на ... расправа во разумен рок пред ... судски орган...“
А. Периодот што треба да се земе во предвид
96. Немаше спор околу фактот дека постапките започнале на 21 мај 1992 г. кога жалителот бил обвинет и дека тие биле прекинати со пресудата на Апелациониот суд на Биалисток на 9 септември 1997 г. Судот соодветно на тоа утврдува дека севкупното времетраење на постапките било пет години, три месеци и деветнаесет дена.
Меѓутоа, со оглед на неговата јуриздикција ratione temporis (види во параграфот 66 горе), Судот може да го земе во предвид само периодот од четири години, четири месеци и осум дена кои течеле после 1 мај 1993 г., иако ќе ја има во предвид фазата достигната во постапките на тој датум (види Кудла против Полска, цитиран горе, § 123).
Б. Разумноста на периодот во прашање
1. Аргументи на странките
97. Жалителот сметаше дека властите – неоправдано – ја префрлиле на него таа одговорност за текот на судењето и го занемариле фактот дека неговото однесување забележително се менувало во текот на постапката и дека не било главната или единствена причина зошто постапката била оддолжена.
Тој тврдеше дека властите, а не тој самиот, имале обврска да го одработат неговиот случај на експедитивен начин, но не успеале во тоа. Ова особено важело за периодот од некои дваесет и еден месец што следел после 27 април 1995 г. за кое време надлежниот суд не закажал расправа.
98. Не може да се каже, жалителот понатаму тврдеше, дека природата на случајот го оправдало оддолжувањето од повеќе од пет години во утврдувањето на обвинението против него. Случајот не бил сложен; ова се гледало од фактот дека кога судењето започнало, на Регионалниот суд му требале само два месеци да го заврши.
99. Како заклучок жалителот нагласи дека фактот дека тој бил држен во притвор во исчекување на судењето барало од судовите „посебно внимание“ во работата на неговиот случај. Сепак тие одлучиле да го задржат во притвор неколку години и покрај принципот на пресумпција на невиност и очајно лошата состојба на неговото здравје. Тоа го поттикнало да протестира против таквиот третман нанесувајќи си повреди.
100. Владата призна дека случајот на жалителот бил особено сложен. Тие меѓутоа сметаа дека одложувањето на постапките било предизвикано во целост од неговото сопствено однесување. Тие ги повторија аргументите што ги имаа изложено во контекст на жалбата согласно членот 5 § 3 и потсетија на неколку случаи во кои жалителот се повредувал додека бил притворот и одбивал да соработува со лекарите што го лекувале во затвор (види во параграфите 74-75 горе).
101. Владата призна дека од 27 април 1995 г. до декември 1996 г. Регионалниот суд не одржал расправи. Меѓутоа тие посочија дека не било можно за судот да утврди датум за судењето бидејќи во тоа време здравствената состојба на жалителот била толку лоша што не можел да биде префрлен од Затворската болница во Барчево во Центарот за притвор во Биалисток. Судот често барал од управата на Затворот во Барчево мислење дали било можно да се донесе жалителот на судење, но од мај 1995 г. до 16 јули 1996 г. нивниот одговор бил негативен.
Сè на сè Владата оспори дека имало долги периоди на неактивност во постапката за која судските власти можеле да бидат сметани за одговорни и дека, соодветно на тоа немало повреда на членот 6 § 1.
2. Оценка на Судот
102. Судот ќе ја процени разумноста на времетраењето на постапката во контекст на конкретните околности на случајот и со оглед на критериумите поставени во неговата судска пракса, особено сложеноста на случајот и однесувањето на жалителот и на релевантните власти. Во однос на второво исто така беше земено во предвид што може да изгуби жалителот (види, меѓу многу други извори, во Кудла против Полска, цитиран горе, § 124; и Abdoella v. the Netherlands judgment of 25 November 1992, Series A no. 248-A, pp. 16-17, §§ 20 and 24 in fine).
Судот исто така во многу прилики има нагласено во контекст на членот 5 § 3 дека лицата што се држат во притвор во исчекување на судењето имаат право на „посебно внимание“ од страна на властите. Последователно, во случаи кога лицето е притворено во исчекување на утврдувањето на кривичното обвинение против него, фактот на неговиот притвор сам по себе е фактор што треба да се разгледа при проценката дали условот да се одлучи за основаноста во разумен рок бил исполнет (види ја пресудата во случајот на Абдоела цитирана горе).
103. Во овој случај Судот забележува дека на почетокот постоел заеднички став дека случајот на жалителот не бил сложен (види во параграфите 98 и 100 горе). Оттука не може да се каже дека тој фактор влијаел на времетраењето на постапката.
Судот понатаму забележува дека Владата придавала преголема важност на однесувањето на жалителот, особено неговите постојани само-повредувања и смета дека тој бил одговорен за оддолжувањето на судењето, додека жалителот нагласува дека судските власти не успеале да покажат должно внимание во работата на случајот.
104. Судот се согласува дека однесувањето на жалителот, иако пред сè и што е најбитно било опасно и штетно по неговото сопствено здравје и добросостојба, придонело кон времетраењето на неговото судење. Неговиот штрајк со глад и повредите што во неколку прилики тогаш си ги нанел сам на себе резултирале со негово сместување во затворските болници и – долго време – отежнувал да биде донесен на судење (види во параграфите 14, 17, 21-27, 29-30, 32-33, 39 и 42).
Меѓутоа, обврската да се примени правдата на експедитивен начин била обврска на националните судови. Фактот дека жалителот бил во притвор барал, како што веќе споменав, посебно внимание од нивна страна во работата на неговиот случај. Судовите биле одговорни за начинот на кој судењето било организирано и тие одлучиле дали или не континуираниот притвор на жалителот бил неопходен за да се обезбеди соодветно спроведување на постапката. Во тој контекст нивните одлуки да се остави жалителот во притвор и покрај фактот дека – како што Судот веќе одлучи – не и служел на намерата за обезбедување на напредок во судењето (види во параграфот 84 горе) имале неизбежни последици по продолжувањето на постапката.
Наспроти ова, дури и ако однесувањето жалителот секако играло улога во одложувањето на утврдувањето на обвиненијата против него, не може да го оправда севкупното траење на постапката. Во овие околности и оценувајќи ги сите релевантни факти во целина, Судот смета дека властите не успеале да го почитуваат правото на жалителот неговиот случај да биде разгледан во „разумен рок“.
105. Соодветно на тоа има повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
106. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот утврди дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Штета
107. Во делот на материјалната штета жалителот бараше сума од 10.000 злоти (ПЛН) за загубена заработувачка заради неговиот долг притвор.
Жалителот понатаму побара од Судот да му додели 100.000 злоти за морална болка и страдање предизвикани од повредата на неговите права од Конвенцијата.
108. Владата сметала дека наодот за повреда на Конвенцијата сам по себе претставувал доволен и правичен надоместок.
Спротивно на тоа тие го повикаа Судот да додели правичен надоместок врз основа на судската пракса во слични случаи и национални економски околности.
109. Заклучокот на Судот врз основа на доказите пред него е дека жалителот не успеал да покаже дека материјалната штета што ја навел реално била предизвикана од тоа што бил држен во притвор во релевантниот период. Последователно, нема никакво оправдување да му додели нешто во однос на тоа побарување.
110. Од друга страна Судот прифаќа дека жалителот секако претрпел нематеријална штета – како што се болка и фрустрација што произлегле од продолженото траење на неговиот притвор и судење – што не е доволно компензирано со наодите за повреда на Конвенцијата. Правејќи ја својата проценка на правична основа, Судот му доделува на жалителот 25.000 злоти за ова побарување.
Б. Трошоци и издатоци
111. Жалителот, кој добил правна помош од Советот на Европа во врска за претставувањето на својот случај, барал рефундирање од 22,043 ПЛН за трошоци и издатоци што настанале во текот на постапките пред Судот и Комисијата.
112. Владата го повика Судот доколку додели надоместок тој да биде само за бараните трошоци и издатоци кои навистина и неопходно настанале и биле разумни во износот.
113. Применувајќи ги критериумите поставени во својата судска пракса и правејќи сопствена проценка врз правична основа, Судот смета дека е разумно на жалителот да му се доделат 15.000 злоти за неговите трошоци и издатоци, заедно со секој данок на додаден вредност кој може да биде наплатен, минус 10.000 француски франци добиени како правна помош од Советот на Европа.
В. Казнена камата
114. Според информациите достапни на Судот, законската каматна стапка што се применува во Полска на денот на усвојување на оваа пресуда е 30% годишно.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Одлучи дека имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата;
2. Одлучи дека имало повреда на членот 5 § 4 од Конвенцијата;
3. Одлучи дека имало повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата;
4. Одлучи
(а) дека тужената држава треба да му ги исплати на жалителот, во рок од три месеци, следниве износи;
(i) 25.000 (дваесет и пет илјади) полски злоти за нематеријална штета;
(ii) 15.000 (петнаесет илјади) полски злоти за трошоци и издатоци, заедно со секој данок на додаден вредност кој може да биде наплатен, минус 10.000 (десет илјади) француски франци добиени како правна помош од Советот на Европа, конвертирани во полски злоти според курсот што важи на денот на усвојување на оваа пресуда;
(б) дека проста камата со годишна стапка од 30% ќе се плаќа по истекот на гореспоменатите три месеци до исплатата;
5. Ги отфрла останатите побарувања на жалителот за правичен надоместок.
Изготвенa на англиски јазик, и објавена во писмена форма на 21 декември 2000 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Винсент БергерГеорг Рес
Секретар Претседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (www.coe.int/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права (http://hudoc.echr.coe.int) или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@echr.coe.int.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights (http://hudoc.echr.coe.int) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@echr.coe.int.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (http://hudoc.echr.coe.int), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@echr.coe.int.
Full & Egal Universal Law Academy