© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2014. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
CЛУЧАЈ JAНОВИЕЦ И ДРУГИ против РУСИЈА
(Жалби бр. 55508/07 и 29520/09)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
21 октомври 2013 година
Оваа пресуда е правосилна, но може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Jaновиец и други против Русија,
Европскиот суд за човекови права, заседавајќи како Голем судски совет во состав:
Josep Casadevall, Претседател,
Guido Raimondi,
Ineta Ziemele,
Isabelle Berro-Lefèvre,
Corneliu Bîrsan,
Peer Lorenzen,
Alvina Gyulumyan,
Khanlar Hajiyev,
Dragoljub Popović,
Luis López Guerra,
Kristina Pardalos,
Vincent A. de Gaetano,
Julia Laffranque,
Helen Keller,
Helena Jäderblom,
Krzysztof Wojtyczek,
Dmitry Dedov, судии,
и Erik Fribergh, Секретар на Големиот судски совет,
Откако расправаше на затворени седници на 13 февруари и 5 септември 2013 година,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на втората дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со две жалби (бр. 55508/07 и 29520/09) поднесени против Руската Федерација согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на петнаесет полски државјани („жалителите“), на 19 ноември 2007 година и 24 мај 2009 година, соодветно.
2. Имињата на жалителите се наведени во параграфите 25 и 37 подолу во текстот на пресудата. Тие живеат во Полска и Соединетите Американски Држави. Жалителите г-н Jaновиец и г-н Tрибовски пред Судот беа застапувани од г-н J. Шевчик, полски адвокат од Варшава. Останатите жалители ги застапуваа професорот И. Камињски од Институтот за правни студии, и г-н Р. Новосјелски и г-н Б. Сохањски, полски адвокати од Гдањск и Шчечин соодветно, како и г-н Р. Карпинскиј и г-ѓа A. Ставитскаја, руски адвокати од Москва.
3. Руската Влада („Владата“) ја застапуваше г-н Г. Матјушкин, претставник на Руската Федерација пред Европскиот суд за човекови права.
4. Полската Влада, која интервенираше во случајот во согласност со член 36, став 1 од Конвенцијата, најпрво ја застапуваше нејзиниот агент, г-н Ј. Волашјевич oд Министерството за надворешни работи, а потоа ко-агентот, г-ѓа A. Менжиковска.
5. Жалбите му беа распределни на Петтиот оддел на Судот (правило 52, став 1 од Правилата на Судот). На 7 октомври 2008 година и 24 ноември 2009 година Претседателот на одделот одлучи да ги комуницира жалбите до руската и полската Влада. Исто така беше одлучено да им се додели приоритет во одлучувањето согласно правило 41 од Правилата на Судот.
6. Со одлука од 5 јули 2011 година, Судот ги спои жалбите. Судот исто така одлучи кон одлучувањето за нивната основаност да го приклучи приговорот на Владата во однос на временската надлежност на Судот во врска со жалбениот навод поднесен за процедуралниот аспект на член 2 од Конвенцијата, и ги прогласи жалбите за делумно допуштени.
7. На 16 април 2012 година Судски совет на Петтиот оддел составен од следните судии: Dean Spielmann, Претседател, Karel Jungwiert, Boštjan M. Zupančič, Anatoly Kovler, Mark Villiger, Ganna Yudkivska и Angelika Nußberger, донесе пресуда. Советот одлучи со четири гласа за и три против и се прогласи за ненадлежен да одлучува за основаноста на жалбениот навод по член 2 од Конвенцијата, со пет гласа за и два против дека имало повреда на член 3 од Конвенцијата во однос на десет жалители и едногласно дека немало повреда на таа одредба во однос на останатите жалители. Судскиот совет исто така одлучи со четири гласа за и три против дека тужената Влада не ги исполнила своите обврски од член 38 од Конвенцијата.
8. На 5 јули 2012 година жалителите побараа случајот да биде доставен до Големиот судски совет согласно член 43 од Конвенцијата и правило 73 од Правилата на Судот. На 24 септември 2012 година комисија на Големиот судски совет го прифати тоа барање.
9. Составот на Големиот судски совет беше утврден согласно одредбите на член 26, став 4 и став 5 од Конвенцијата и правило 24.
10. И жалителите и Владата поднесоа опсервации до Големиот судски совет.
11. Потоа, Претседателот на Големиот судски совет им дозволи на следните организации да достават писмени опсервации како трети страни согласно член 36, став 2 од Конвенцијата: Open Society Justice Initiative, Amnesty International и Public International Law and Policy Group. На група од три невладини организации - Memorial, European Human Rights Advocacy Centre и Transitional Justice Network – им беше исто така дозволено да поднесат заеднички опсервации како трети страни.
12. Јавна расправа се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 13 февруари 2013 година (правило 59, став 3).
Пред Судот пристапија:
(a) за тужената Влада
г-нГ. МАТЈУШКИН,Агент,
г-нН. МИХАЈЛОВ,
г-нП. СМИРНОВ,Советници;
(б) за жалителите
г-н Ј. ШЕВЧИК,
г-нИ. КАМИЊСКИ,
г-нБ. СОХАЊСКИ,Адвокати;
(в) за полската Влада
г-нМ. ШПУНАР, Заменик министер за надворешни работи,
г-ѓаА. МЕНЖИКОВСКАКо-агент,
г-нВ. ШАБАС,Советник.
Пред Судот се обратија г-н Шевчик, г-н Kамињски и г-н Сохањски за жалителите, г-н Mатјушкин за тужената Влада и г-ѓа Mенжиковска за полската Влада.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
13. Фактите на случајот, презентирани или неоспорени од странките, може да се резимираат на следниот начин.
A. Контекст
14. На 23 август 1939 година министрите за надворешни работи на Советскиот Сојуз и нацистичка Германија потпишале договор за ненапаѓање (познат како „Пакт Рибентроп-Молотов“) кој содржел и дополнителен таен протокол со кој страните се согласиле за „прашањето за границата на сферите на влијание на секоја од нив во Источна Европа“. Тие, поконкретно го заклучиле следното:
„2. Во случај на територијални и политички промени на областите кои ѝ припаѓаат на полската држава, сферите на влијание на Германија и СССР ќе бидат ограничени приближно по линија на реките Нарев, Вистула и Сан.“
15. На 1 септември 1939 година Германија ја нападна Полска, започнувајќи ја Втората светска војна. На 17 септември 1939 советската Црвена армија влегла на полска територија, наводно за да ги заштити Украинците и Белорусите кои живееле во источниот дел на Полска затоа што полската држава пропаднала при нападот на Германија и повеќе не можела да ја гарантира безбедноста на своите граѓани. Полската Армија не понудила воена помош. СССР ја анексирала територијата која само што ја ставила под своја контрола и во ноември 1939 година 13, 5 милиони полски граѓани кои живееле таму од тој момент ги прогласила за советски граѓани.
16. Последователно на напредувањето на Црвената армија околу 250,000 полски војници, гранични службеници, полициски службеници, затворски чувари, државни и други функционери биле лишени од слобода. Откако биле разоружени, некои од нив биле ослободени; останатите биле испратени во специјални логори основани од НКВД (Народен комесаријат за внатрешни работи, претходник на КГБ) во Козелск, Осташков и Старобелск. На 9 октомври 1939 година било одлучено одредите на полски офицери да бидат сместени во Козелск и Старобелск, а останатите функционери, вклучително полициските службеници и затворските чувари, во Осташков.
17. На почетокот на март 1949 година, Л. Берија, раководител на НКВД, поднесол до Ј. Сталин, генерален секретар на Комунистичката партија на СССР, предлог да го одобри стрелањето на полските воени затвореници од причина што тие биле „непријатели на советските органи полни со омраза за советскиот систем на владеење“ кои „се обидувале да ја продолжат нивната противреволуционерна работа“ и „спроведувале анти-советско агитирање“. Во предлогот се прецизирало дека во камповите на воени заробеници имало 14,736 поранешни воени и полициски службеници, од кои повеќе од 97 проценти биле од полска националност, и дека уште 10,685 Полјаци биле држени во затвори во западните области на Украина и Белорусија.
18. На 5 март 1990 година Политбирото на Централниот комитет на Комунистичката партија на СССР го разгладело предлогот и го одлучило следното:
„I. На НКВД на СССР му се наредува следното:
(1) случаите на 14,700 лица кои и натаму се во логори на воени затвореници (поранешни офицери на полската армија, владини функционери, земјопоседници, полицајци, разузнавачи, воени полицајци, затворски чувари),
(2) и случаите на лица кои се уапсени и понатаму се во затворите во западните области на Украина и Белорусија, кои се околу 11,000 (припадници на различни организации за противреволуционерна шпионажа и саботажа, поранешни земјопоседници, сопственици на фабрики, поранешни офицери на полската армија, владини функционери и лица кои се обиделе да побегнат), треба да бидат разгледани во рамките на специјална постапка, и треба да им биде изречена смртна казна – [егзекуција] со стрелање.
II. За случаите треба да се одлучува без затворениците да бидат повикани и без да бидат известени за обвиненијата против нив, и без било какви изјави за завршување на истрагата или за обвинителни акти подигнати против нив, на следниот начин:
(a) лицата кои се во логори за воени затвореници: врз основа на информации добиени од директоратот за прашања за воени затвореници, НКВД СССР,
(б) лица кои се уапсени: врз основа на информации добиени од НКВД на ССР Украина и НКВД на ССР Белорусија.“
Одлуката била потпишана од Ј. Сталин, К. Ворошилов, А. Микојан, В. Молотов, М. Калинин и Л. Каганович.
19. Стрелањата биле спроведени во април и мај 1940 година. Затворениците од логорот Козелск биле убиени на место во близина на градот Смоленск познато како Катинска шума; тие од логорот Старобелск биле убиени во затворот на НКВД во Харков и нивните тела била закопани во близина на селото Пјатихатки; полицајците од Осташков биле убиени во затворот на НКВД во Калинин (сега Твер) и закопани во Медноје. Околностите под кои биле егзекутирани затвореници од затворите во западна Украина и Белорусија се непознати сѐ до денес.
20. Во 1942 и 1943 година, најпрво полски работници кои граделе патишта, а потоа и германската армија откриле масовни гробници во близина на Катинската шума. Меѓународна комисија составена од дванаесет експерти по судска медицина и нивен помошен персонал од Белгија, Бугарија, Хрватска, Данска, Финска, Франција, Унгарија, Италија, Холандија, Романија, Словачка и Шведска била формирана за да спроведе и спровела ексхумација од април до јуни 1943. Биле ископани остатоците на 4,243 полски офицери, од кои биле идентификувани 2,730. Комисијата заклучила дека советските власти биле одговорни за масакрот.
21. Советските власти одговориле префрлајќи ја вината врз Германците кои - според Москва – летото 1941 година наводно ги презеле под своја контрола полските затвореници и ги убиле. После ослободувањето на областа Смоленск од страна на Црвената армија во септември 1943 година, НКВД основала Вонредна државна комисија со која претседавал Н. Бурденко, која требало да собере докази за одговорноста на Германија за убивањето на полските офицери. Во нејзиното коминике од 22 јануари 1944 година Комисијата објавила дека полските затвореници биле егзекутирани од Германците есента 1941 година.
22. Во текот на судењето на германските воени злосторници пред Меѓународниот воен трибунал во Нирнберг, убиствата во Катинската шума биле споменати во обвинителниот акт како пример на воено злосторство (Обвинителен акт: точка три – воени злосторства, член В 2)). На 13 февруари 1946 Заменик главниот обвинител на СССР, г-н Покровски, ги обвинил обвинетите за егзекуција на 11,000 полски воени заробеници есента 1941 година, повикувајќи се на извештајот на Вонредната државна комисија (Судење на главните воени злосторници пред Меѓународниот воен трибунал во Нирнберг, том VII, стр. 425-7). И покрај приговорите од страна на советските обвинители за сослушувањето на сведоци, Трибуналот на 1 и 2 јули 1946 година сослушал тројца сведоци на обвинителството и тројца сведоци на одбраната (том XVII, стр. 270-371). При завршувањето на судењето, убиствата во Катинската шума не биле споменати ниту во текстот на пресудата на Меѓународниот воен трибунал ниту во спротивставеното мислење на советскиот судија.
23. На 3 март 1959 година A. Шелепин, Претседател на Комитетот за државна безбедност (KGB), му предложил на Н. Хрушчов, генерален секретар на Комунистичката партија на СССР, документите во врска со егзекуцијата на полските воени заробеници да бидат уништени:
„Од 1941 година записници и други документи во врска со заробеници и офицери, полицајци, жандарми, земјопоседници и други лица од поранешната буржоаска Полска, кои беа убиени истата таа година, се чуваат од страна на Комитетот за државна безбедност на Советот на министри, СССР. Врз основа на одлуките донесени од специјалната тројка на советскиот НКВД, беа убиени вкупно 21,857 лица, од кои 4,421 во Катинската шума (област Смоленскиј), 3,820 во логорот Старобелск во близина на Харков, 6,311 в логорот Осташков (област Калининскиј) и 7,305 во други логори и затвори во западна Украина и Белорусија.
Целата таа операција за ликвидација на гореспоменатите лица беше спроведена врз основа на одлука на Централниот комитет на Комунистичката партија на СССР од 5 март 1940 година...Од моментот кога наведената операција беше извршена, што значи од 1940 година, не се дадени никакви информации во врска со случајот, и сите 21,857 досиеја се чуваат во запечатена локација.
Ниту едно од тие досиеја нема оперативна или историска вредност за советските органи. Исто така се сомневам дека тие може да им бидат од некаква корист на нашите полски пријатели. Напротив, непредвиден инцидент може да доведе до тоа операцијата да биде откриена, со сите непожелни последици кои тоа би ги повлекло за нашата земја, особено затоа што, што се однесува на лицата убиени во Катинската шума, официјалната верзија беше потврдена со истрага спроведена по иницијатива на советските органи во 1944 година...
Врз основа на тоа што беше кажано погоре, се чини дека е корисно да се уништат сите записи во врска со лицата убиени во 1940 година во горенаведената операција ...Извештаите од состаноците на тројката на НКВД на СССР со кои тие лица се осудуваат на стрелање, како и документите за извршувањето на таа одлука, би можеле да се сочуваат.“
24. Преостанатите документи биле ставени во специјално досие, познато како „пакет бр. 1“, до кое само генералниот секретар на Комунистичката партија на СССР имал пристап. На 28 април 2010 година содржината на тоа досие била официјално достапна на јавноста на веб страницата на Рускиот државен архив. Во досието биле содржани следните историски документи: предлогот на Берија од 5 март 1940 година, одлуката на Политбирото од истата дата, страниците кои биле отстранети од записникот на состанокот на Политбирото и белешката на Шелепин од 3 март 1959 година.
Б. Жалителите и нивната врска со жртвите
1. Жалителите во случајот бр. 55508/07
25. Првиот жалител, г-н Јержи-Роман Јановиец, е роден во 1929 година. Тој е син на г-н Анджеј Јановиец, роден во 1890 година, кој бил полковник во полската армија пред Втората светска војна.
26. Вториот жалител, г-н Антони-Станислав Трибовски, е роден во 1940 година. Тој е внук на г-н Антони Навратил, роден во 1883 година, потполковник во полската армија.
27. И г-н Анджеј Јановиец и и г-н Антони Навратил биле заробени како воени заробеници во текот на советската инвазија на Полска во септември 1939 година и биле испратени во логорот Старобелск во СССР. Г-н Јановиец бил заведен под бр. 3914 помеѓу воените заробеници во логорот, а г-н Навратил под бр. 2407. Тие биле покасно префрлени во затвор во Харков и егзекутирани во април 1940 година.
2. Жалителите во случајот бр. 29520/09
28. Првата жалителка и втората жалителка, г-ѓа Витомила Волк-Језјерска и г-ѓа Ојцумила Волк, се родени во 1940 и 1917 година. Tие се ќерката и сопругата на г-н Винценти Волк, роден во 1909 година, кој бил полковник во единицата за тешка артилерија на полската армија пред Втората светска војна, Тој бил земен како воен заробеник од Црвената армија ноќта на 19 септември 1939 година и држен во специјалниот логор во Козелск (наброен на позиција 3 на листата за распоредување на НКВД 052/3 04.1940). Тој бил убиен на 30 април 1940 година и закопан во Катин. Неговото тело било идентификувано во текот на ексхумацијата во 1943 година (бр. 2564).
29. Tретата жалителка, г-ѓа Ванда Родович, е родена во 1938 година. Таа е внука на г-н Станислав Родович, роден во 1883 година, резервист во полската армија. Тој бил заробен од Црвената армија на унгарската граница околу 20 септември 1939 година и бил држен во специјалниот логор во Козелск (наведен на позиција 94 на листата 017/2). Тој бил убиен и закопан во Катин. Неговото тело било идентификувано во текот на ексхумацијата во 1943 година (бр. 970).
30. Четвртата жалителка, г-ѓа Галина Михалска, е родена во 1929 година и починала во 2012 година. Таа била ќерка на г-н Станислав Узиембло, роден во 1889 година. Како офицер на полската армија, г-н Узиембло бил земен како воен заробеник од страна на советската арија во близина на Бјалистол, Полска и држен во специјалниот логор на НКВД во Старобелск (неговот име е на позиција 3400). За него се смета дека бил убиен во Харков и закопан во Пјатихатки во близина на Харков (сега во Украина).
31. Петтиот жалител, г-н Артур Томашевски, е роден во 1933 година. Тој е син на г-н Шимон Томашевски, роден во 1900 година. Таткото на петтиот жалител, командир на полициската станица на полско-советската граница во Кобилиа, бил упасен од советските единици и однесен во специјалниот логор на НКВД во Осташков (на позиција 5 на листата 045/3). Тој бил убиен во Твер и потоа закопан во Медноје.
32. Шестиот жалител, г-н Јержи Лех Вјелебновски, е роден во 1930 година. Неговиот татко, г-н Александер Вјелебновски, роден во 1897 година, бил полициски службеник кој работел во Луцк во источна Полска. Во октомври 1939 година тој бил упасен од советските единици и ставен во логорот Осташков (неговото име е на позиција 10 на листата 033/2). Тој бил убиен во Твер и закопан во Медноје.
33. Седмиот жалител, г-н Густав Ерхард е роден во 1935 година. Неговиот татко, г-н Стефан Ерхард, роден во 1900 година, бил директор на основното училиште во Рудка, Полска. Тој бил уапсен од советските единици и заробен во логорот Старобелск (позиција 3869). Тој се сметал за убиен во Харков и закопан во Пјатихатки.
34. Осмиот и деветтиот жалител, г-н Јержи Карол Малевич и г-н Кжиштоф Јан Малевич, родени во 1928 и 1931 година соодветно, се деца на г-н Станислав Аугуст Малевич. Деветтиот жалител почина во 2011 година. Нивниот татко е роден во 1889 година и работел како лекар во полската армија. Тој бил заробен во Рувне, Полска и бил држен во логорот Старобелск (неговот име е на позиција 2219). Тој се смета дека бил убиен во Харков и закопан во Пјатихатки.
35. Десеттата и единаесеттата жалителка, г-ѓа Кристина Кжишковиак и г-ѓа Ирена Ерхард, родени во 1940 и 1936 година соодветно, се ќерки на г-н Михау Адамчик. Роден во 1930 година, тој бил командир на полициската станица во Сарнаки. Тој бил уапсен од советските единици, заробен во логорот Осташков (неговото име е на позиција 5 на листата 037/2), убиен во Твер и закопан во Медноје.
36. Дванаесеттата жалителка, г-ѓа Кристина Мјешчанковска, родена во 1930 година, е ќерка на г-н Станислав Мјелецки. Нејзиниот татко, полски офицер, бил роден во 1895 година и после неговото апсење од страна на советските единици бил држен во логорот Козелск. Тој бил убиен и закопан во Катин, неговото тело било идентификувано во текот на ексхумацијата во 1943 година.
37. Тринаесеттиот жалител, г-н Кжиштоф Романовски, роден во 1953 година, е внук на г-н Ришард Жолеѕиовски. Г-н Жолеѕиовски, роден во 1887 година, бил држен во логорот Старобелск (позиција 1151) и се смета дека бил убиен во Харков и закопан во Пјатихатки. Листа со заробеници од Старобелск на која било неговото име била најдена во џебот на полски офицер чии останки, со огнестрелни рани во главата, биле откопани во текот на заедничната полско-руска ексхумација во близина на Харков во 1991 година.
В. Истраги за кривичниот предмент бр. 159
38. На 13 април 1990 година, во текот на посетата на полскиот Претседател В. Јарузелски на Москва, Претседателот на СССР, М. Горбачов, му ги предал документите во врска со катинскиот масакр. Официјалната новинска агенција на ССР објавила коминике со кое потврдила, врз основа на новообјавени архивски документи, дека „Берија, Меркулов и нивните потчинети имале директна одговорност за злосторствата извршени во Катинската шума.“
39. На 22 март 1990 година канцеларијата на Регионалниот обвинител во Харков отворила кривична истрага за потеклото на масовните гробници откриени во квартот Лесопарк. На 6 јуни 1990 година канцеларијата на обвинителот во Калинин (Твер) отворила кривичен предмет за „исчезнувањето“ (исчезновение) во мај 1940 година на полски воени заробеници кои биле држени во кампот на НКВД во Осташков. На 27 септември 1990 година канцеларијата на Главниот воен обвинител на СССР ја презела истрагата во Харков под број 159 и таа истрага ја доверила на група воени обвинители.
40. Летото и есента во 1991 година, полски и руски специјалисти извршиле ексхумација на тела на местата на масовните гробници во Харков, Медноје и Катин. Тие исто така ги преразгледале архивските документи во врска со Катинскиот масакр, сослушале најмалку четириесет сведоци и наредиле форензички анализи.
41. На 14 октомври 1992 рускиот Претседател Б. Јелцин открил дека полските офицери биле осудени на смрт од страна на Сталин и Политбирото на Комунистичката партија на СССР. Директорот на Рускиот државен архив на полските органи им предал повеќе документи, вклучувајќи ја одлуката од 5 март 1940 година. Во текот на официјална посета на Полска, Претседателот Јелцин им оддал почит на жртвите пред Катинскиот крст во Варшава.
42. При крајот на мај 1995 година обвинителите од Белорусија, Полска, Русија и Украина одржале работен состанок во Варшава во текот на кој тие го прегледале напредокот на истрагата за случајот бр. 159. Учесниците се согласиле дека руските обвинители ќе побараат од нивните белоруски и украински колеги правна помош за утврдување на околностите на егзекуцијата во 1940 година на 7,305 полски граѓани.
43. На 13 мај 1997 година белоруските органи ги информирале нивните руски колеги дека тие не можеле да најдат било какви документи кои се однесуваат на убивањето на полските воени заробеници во 1940 година. Во 2002 година украинските органи доставиле документи кои се однесувале на трансферот на полски воени заробеници од логорот во Старобелск во НКВД затворот во областа Харков.
44. Во 2001, 2002 и 2004 година Претседателот на полскиот Институт за национално сеќавање (ИНС) повеќе пати, но без успех ја контактирал канцеларијата на рускиот Главен воен обвинител со цел да добие пристап кон документи од истрагата.
45. На 21 септември 2004 година канцеларијата на Главниот воен обвинител одлучила да го затвори кривичниот предмет бр. 159, наводно од причина што лицата одговорни за злосторството веќе биле починати. На 22 декември 2004 година Меѓуресорната комисија за заштита на државни тајни класифицирала триесет и шест тома од досието – од вкупно 183 тома – како „државна тајна“ и уште осум тома како документи „само за интерна употреба“. Одлуката за запирање на истрагата била класифицирана како „државна тајна “ и нејзиното постоење било откриено дури на 11 март 2005 година на конференција за печат одржана од страна на Главниот воен обвинител.
46. На барање на Судот за копија на одлуката на 21 септември 2004 година, руската Влада одби да достави таква копија, повикувајќи се на тоа дека е класифицирана како државна тајна. Од поднесоците на Владата произлегува дека истрагата била запрена врз основа на член 24, став 4, потстав 1 од Законот за кривична постапка, поради смрт на осомничените лица.
47. Од 9 до 21 октомври 2005 година тројца обвинители на ИНС кои воделе истрага за Катинскиот масакр и главниот експерт на Комисијата за гонење на злосторства против полската нација отишле во Москва на покана на канцеларијата на Главниот воен обвинител. Тие ги разгледале шеесет и седумте томови на предметот бр. 159 кои не биле класифицирани како доверливи, но ним не им било дозволено да направат копии.
48. На 8 мај 2010 година рускиот Претседател Д. Медведев на Претседателот на полскиот Парламент му дал шеесет и седум тома од истражните документи за Катинскиот масакр. Вкупно, согласно информациите поднесени од полската Влада, руските органи предале заверени копии од 148 тома, во кои имало приближно 45,000 страници.
Г. Постапка во жалбата бр. 55508/07
49. Во 2003 година, г-н Шевчик – полски адвокат ангажиран од жалителот г-н Јановиец и мајката на вториот жалител, г-н Трибовски – поднесол до Главниот обвинител на Руската Федерација барање да му бидат дадени документи во врска со г-н Анджеј Јановиец, г-н Антони Навратил и трето лице.
50. На 23 јуни 2003 година, канцеларијата на Главниот обвинител доставила одговор на адвокатот, во кој го известила дека канцеларијата на Главниот воен обвинител водела истрага за кривичен предмет во врска со егзекуцијата на полските офицери во 1940 година. Во 1991 година со истрагата биле откриени околу двесте тела во областите Харков, Твер и Смоленск и дека некои од нив биле идентификувани, вклучувајќи ги г-н Навратил и г-н Јановиец. Нивните имиња биле исто така најдени на лисата на заробеници во логорот Старобелск. Сите дополнителни документи за нив биле претходно уништени.
51. На 4 декември 2004 година г-н Шевчик побарал формално да ги признаат правата на г-н Јановиец и г-н Трибовски како блиски на егзекутираните полски офицери и да им издаде копии од процедурални документи како и лични документи за г-н Антони Навратил и г-н Анджеј Јановиец.
52. На 10 февруари 2005 година канцеларијата на Главниот воен обвинител одговорила дека г-н Антони Навратил и г-н Анджеј Јановиец биле наброени помеѓу заробениците во логорот Старобелск кои биле стрелани во 1940 година од страна на НКВД и закопани во близина на Харков. Не биле достапни други документи за тие лица. Исто така, копии од процедурални документи можеле да им бидат издадени само на официјално признати жртви или нивни застапници.
53. Потоа, жалителите г-н Јановиец и г-н Трибовски ангажирале руски адвокат, г-н Барушев, кој побарал дозвола од канцеларијата на Главниот воен обвинител да ги разгледа списите на предметот. На 7 ноември 2006 година канцеларијата на Главниот воен обвинител го известила дека нему нема да му биде дозволено разгледување на списите затоа што неговите клиенти не биле формално потврдени како жртви во предметот.
54. Адвокатот поднел жалба до суд против одбивањата на канцеларијата на Главниот воен обвинител од 10 февруари 2005 година и 7 ноември 2006 година. Тој поконкретно истакнал дека статусот на жртва на кривично дело требало да утврди во однос на фактички околности, како што е дали лицето претрпело штета како последица на кривичното дело или не. Од таа гледна точка, одлуката на истражителот да признае некому статус на жртва требало да биде гледана како формална потврда на фактичките околности. Адвокатот побарал на жалителите г-н Јановиец и г-н Трибовски да им биде признат статус на жртви и да им биде дозволен пристап до списите на предметот.
55. На 18 април 2007 година Воениот суд на командата во Москва ја отфрлил жалбата. Судот воочил дека, иако г-н Антони Навратил и
г-н Андржеј Јановиец биле на листата на заробеници во логорот во Старобелск, нивните останки не биле помеѓу оние кои биле идентификувани со истрагата. Затоа, според Воениот суд, немало правен основ да се претпостави дека тие починале како последица на злосторството за кое станува збор. Што се однесува на документите во списите на предметот, Воениот суд забележал дека одлуката да се запре истрагата од 21 септември 2004 година била класифицирана како државна тајна и, од таа причина, странски државјани не можеле да добијат пристап до неа.
56. На 24 мај 2007 година Врховниот суд на Руската Федерација ја потврдил пресудата по жалба, повторувајќи го од збор до збор образложението на Воениот суд.
Д. Постапка во жалбата бр. 29520/09
57. На 20 август 2008 година тим на адвокати кои ги застапувале жалителите изјавиле жалба до суд против одлуката на обвинителот од 21 септември 2004 година. Тие истакнале дека блиските на жалителите биле помеѓу заробените полски офицери чија егзекуција била наредена од страна на Политбирото на Комунистичката партија на СССР на 5 март 1940 година. Сепак, на жалителите не им бил признат статус на жртви во предметот бр. 159 и не можеле да поднесуваат предлози и барања, да имаат пристап до документи или да добијат копии на одлуки. Адвокатите исто така тврделе дека истрагата не била ефикасна затоа што не биле направени никави обиди да се земе билошки материјал од жалителите со цел да се идентификуваат ексхумираните останки.
58. На 14 октомври 2008 година Воениот суд на московската команда ја одбил жалбата. Судот заклучил дека во 1943 година Меѓународната комисија и Техничката комисија на полскиот Црвен крст ги откопале останките и повторно ги закопале, без да да идентификуваат или без да ги пребројат телата. Според судот, со подоцнежни ископувања во 1991 година биле идентификувани само дваесет и две лица, а блиските на жалителите не биле помеѓу нив. Воениот суд потврдил дека имињата на блиските на жалителите биле на листите на НКВД за логорите во Осташков, Старобелск и Козелск, сепак, „со истрагата за Катинскиот масакр ...не било утврдено што точно се случило со тие лица“. Според судот, затоа што нивните тела не биле идентификувани, немало докази дека блиските на жалителите ги изгубиле своите животи како последица на кривично дело на злоупотреба на положбата (член 193-17 oд советскиот Кривичен законик од 1926 година) кое се споменувало во одлуката од 21 септември 2004 година. Затоа, немало основ да им се признае статус на жртва на жалителите согласно член 42 од Законот за кривична постапка. Дотолку повеќе, „претставници на странски држави“ не можеле да имаат пристап до класифицирани документи.
59. Адвокатите изјавиле жалба во која тврделе дека недостатокот на информации за судбината на блиските на жалителите бил последица на неефикасна истрага. Според нив дваесет и двете лица биле идентификувани само врз основа на воените ознаки кои биле најдени на местата на кои тие биле закопани и истражителите не презеле било какви мерки ниту наредиле форензички анализи за идентификација на ексхумираните останки. Понатаму, јавно познат бил фактот дека со ископувањето од 1943 година биле откриени останки на 4,243 лица, од кои биле идентификувани 2,730. Помеѓу идентификуваните лица имало три лица чии роднини биле жалители во постапката. Адвокатите истакнале дека давањето на статус на жртва на жалителите би овозможило идентификација на останките со употреба на методи на генетиката. На крај, адвокатите нагласиле дека кривичниот предмет за случајот Катин не содржел било какви информации кои го поткрепувале заклучокот дека било кој од полициските офицери земени во логорите на НКВД преживеале или починале од природна смрт.
60. На 29 јануари 2009 година Врховниот суд на Руската Федерација ја потврдила пресудата од 14 октомври 2008 во целост. Судот од збор до збор повторил долги пасуси од заклучоците на Воениот суд во Москва, но, исто така додал дека одлуката од 21 септември 2004 година не можела да биде укината затоа што бил истечен рокот за застареност за гонење на кривичното дело и затоа што постапката во однос на некои осомничени била запрена „поради рехабилитација“.
Ѓ. Постапка за декласификација на одлуката од 21 септември 2004 година
61. На 26 март 2008 година Мемориал, руска невладина организација за човекови права, поднесла барање до канцеларијата на Главниот воен обвинител одлуката од 21 септември 2004 година да биде декласифицирана. Во својот одговор од 22 април 2008, канцеларијата на обвинителот ја известила НВО Мемориал дека не била надлежна за укинување на статус на класифицирана информација, којшто бил одобрен од Меѓуресорната комисија за заштита на државни тајни („Комисијата“).
62. На 12 март 2009 година НВО Мемориал од Комисијата побарала декласификација на одлуката од 21 септември 2004 година, тврдејќи дека класифицирањето на документите за истрагата за случајот Катин било морално и правно неприфатливо и дека било исто така спротивно на член 7 од Законот за државни тајни, кој забранувал класификација на секоја информација за повреда на човековите права. Со допис од 27 август 2009 година Комисијата доставила одговор до НВО Мемориал дека нивното барање било разгледано и одбиено, но не дала дополнително објаснување.
63. НВО Мемориал го оспорила одбивањето на Комисијата пред Судот на градот Москва. На расправа одржана на 13 јули 2010 година судот го читал дописот на Комисијата од 25 јуни 2010 година упатен до претседателот на судскиот совет. Во дописот се кажувало дека Комисијата не донела било каква одлука на 22 декември 2004 година за класификација на одлуката на канцеларијата на Главниот воен обвинител од 21 септември 2004 година
64. После расправа затворена за јавноста, Судот на градот Москва го одбил барањето на НВО Мемориал за декласификација на 2 ноември 2010 година, заклучувајќи го поконкретно, следното:
„Судот утврди дека на 21 септември 2004 година, канцеларијата на Главниот воен обвинител донела одлука со која се запира кривичната истрага којашто била отворена на 22 март 1990 година од страна на канцеларијата на Регионалниот обвинител во Харков на ССР Украина во врска со откривањето на останки на полски државјани во пошумената зона на Харков ...
Со истрагата постапките на повеќе високи функционери на СССР биле оквалификувани како злоупотреба на положбата со особено отежнителни околности согласно член 193-17 (б) на Кривичниот законик на РСФСР. Кривичниот предмет против тие лица бил затворен врз основа на член 24, став 1 (4) од рускиот Закон за кривична постапка (поради смрт на виновниците). Постапката против останатите била запрена врз основа на член 24, став 1 (2) (немало кривично дело).
Канцеларијата на Главниот воен обвинител ја испратила нацрт одлуката за запирање на кривичната постапка до Сојузната служба за безбедност заради експертско мислење за тоа дали таа содржела доверливи или тајни информации во смисла на член 9 на Законот за државни тајни, затоа што Сојузната служба за безбедност имала право по свое наоѓање да постапува со информациите дадени во одлуката на канцеларијата на Главниот воен обвинител.
Комисија на експерти на Сојузната служба за безбедност заклучила дека нацрт одлуката на Главниот воен обвинител содржела информации кои не биле декласифицирани. Понатаму, комисијата посочила дека нацрт одлуката содржела информации кон кои пристапот бил ограничен...
На 21 септември 2004 година функционер од канцеларијата на Главниот воен обвинител ја донел одлуката за запирање на кривичната истрага бр. 159. Со оглед на горенаведените заклучоци на Сојузната служба за безбедност и врз основа на член 5, став 4 5 § 4 (2, 3) и член 8 од Законот за државни тајни и точка 80 од Претседателскиот декрет бр. 1203 од 30 ноември 1995 година, документот бил класифициран со статус на државна тајна ... Затоа, не постојат правни основи за да се одобри барањето на НВО Мемориал одлуката на Главниот воен обвинител од 21 септември 2004 година да биде прогласена за незаконита и неоправдана...
Што се однесува на делот во кој жалителот тврдеше дека информациите кои се однесуваат на повреди на законот од страна на државни органи или функционери не може да биде прогласени за државна тајна или да бидат класифицирани во согласност со член 7 од Законот за државни тајни, овој аргумент е неоснован затоа што одлуката на Главниот воен обвинител од 21 септември 2004 година содржела информации од областа на разузнавањето, контраразнувањето и истражни активности кои, врз основ на член 4 од Законот за државни тајни, претставуваат државна тајна...“
65. На 26 јануари 2011 година Врховниот суд на Руската Федерација ја одбил жалбата изјавена од НВО Мемориал против пресудата на Градскиот суд во Москва.
Е. Постапка за „рехабилитација“ на блиските на жалителите
66. Повеќето жалители многу пати се обраќале до руските органи, пред сѐ до канцеларијата на Главниот воен обвинител, за информации за кривичната истрага за случајот Катин и за „рехабилитацијата“ на нивните блиски во согласност со одредбите на Законот за рехабилитација од 1991 година (види параграф 86 подолу).
67. Со допис од 21 април 1998 година испратен во одговор на барањето за рехабилитација на г-ѓа Ојцумила Волк, канцеларијата на Главниот воен обвинител потврдила дека нејзиниот сопруг, г-н Винценти Волк, бил држен како воен заробеник во логорот во Козелск и дека бил егзекутиран, заедно со други заробеници, пролетта 1940 година. Во дописот стоело дека нејзиното барање за рехабилитација ќе биде разгледано само по завршување на кривичната истрага.
68. После запирањето на истрагата за предметот бр. 159, г-ѓа Витомила Волк-Језјерска побарала од канцеларијата на Главниот воен обвинител на 25 октомври 2005 копија од одлуката за запирање на истрагата. Со допис од 23 ноември 2005 година канцеларијата на обвинителот одбил да издаде таква копија, повикуваајќи се на тоа што одлуката била класифицирана како државна тајна. На 8 декември 2005 година полската Амбасада во Москва побарала од канцеларијата на обвинителот објаснување за рехабилитацијата на г-н Волк. Во допис од 18 јануари 2006 година канцеларијата на обвинителот искажала мислење дека немало правен основ за рехабилитација на г-н Волк или другите полски државјани затоа што со истрагата не била утврдена која одредба од Кривичниот законик од 1926 година била основа за казната која им била изречена. Со сличен допис од 12 февруари 2007 година било одбиено уште едно такво барање на г-ѓа Волк.
69. На 13 март 2008 година канцеларијата на Главниот воен обвинител одбила барање за рехабилитација поднесена од адвокат во име на сите жалителите. Обвинителот кажал дека не било возможно да се утврди правниот основ за казната изречена на полските државјани во 1940 година. И покрај постоењето на некои документи во кои се велело дека блиските на жалителите биле пренесени од логорите на НКВД во Осташков, Козелск и Старобелск во Калинин, Смоленск и Харков, заедничките напори на белоруските, полските, руските и украинските истражители не откриле ниту еден кривичен предмет или други документи во врска со нивното кривично гонење во 1940 година. Во отсуство на такви документи не можело да се одлучи дали Законот за рехабилитација бил применлив. Понатаму, обвинителот кажал дека останките на блиските на жалителите не биле откриени помеѓу човечките останки во текот на ексхумацијата.
70. Адвокатот изјавил жалба до суд против одбивањето на обвинителот.
71. На 24 октомври 2008 година Судот на округот Хамовническиј во Москва ја одбил жалбата. Иако судот потврдил дека имињата на блиските на жалителите биле на листите на заробеници на НКВД, тој посочил дека само дваесет тела биле идентификувани како резултат на ексхумацијата спроведена во контекст на предметот бр. 159 и дека блиските на жалителите не биле помеѓу оние кои биле идентификувани. Судот понатаму заклучил дека немало причина да се претпостави дека десетте полски воени заробеници (блиските на жалителите) всушност биле убиени, и дека руските адвокати немале правен интерес во рехабилитацијата на полски државјани.
72. На 25 ноември 2008 година Судот на градот Москва одбил, со кусо образложение, жалба против пресудата на Окружниот суд.
Ж. Декларација на руската Дума за Катинската трагедија
73. На 26 ноември 2010 година државната Дума, долниот дом на рускиот Парламент, усвоила декларација насловена „За трагедијата во Катин и нејзините жртви“, која, поконкретно, гласи:
„Пред седумдесет години, илјадници полски граѓани држени во логори за воени заробеници на НКВД на СССР и во затвори во западните региони на ССР Украина и ССР Белорусија биле стрелани.
Официјалната советска пропаганда ја припиша одговорноста за ова злосторство, кое беше наречено трагедијата во Катин, на нацистите...На почетокот на деведесеттите години на минатиот век нашата земја направи големи чекори кон утврдување на вистината за трагедијата во Катин. Беше потврдено дека масовното истребување на полски граѓани на територија на СССР во текот на Втората светска војна било арбитререн акт на тоталитарна држава...
Објавените документи кои беа чувани многу години во тајни архиви не само што го покажуваат обемот на оваа ужасна трагедија, туку исто така го потврдуваат фактот дека злосторството во Катин било извршено врз основа на директни наредби на Сталин и други советски лидери...
Копии на многу документи кои се чуваа во затворените архиви на Политбирото на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз веќе беа предадени на полската страна. Членовите на државната Дума веруваат дека оваа работа мора да продолжи. Потребно е да се продолжи со анализирање на архивите, проверување на листите на жртви, враќање на честа на оние кои биле убиени во Катин и други места, и со откривање на околностите на оваа трагедија...“
II. РЕЛЕВАНТНО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО И ПРАКСА
A. Четврта Хашка ковенција
74. Ковенцијата (IV) за законите и обичаите на војување на копно, и посебно нејзиниот прилог: Правила за законите и обичаите на војување на копно (Хаг, 18 октомври 1907 година) го предвидуваат следното:
„Член 4. Воените заробеници се под власт на непријателската Влада, но не под власт на поединците или воените единици кои ги заробиле.
Со нив мора да се постапува човечно.
...
член 23. Покрај забраните предвидени со посебни ковенции, особено е забрането -
...
(б) нечесно убивање и ранување на лица кои припаѓаат на непријателски народ или војска;
(в) убивање или ранување на непријател, кој положувајќи го оружјето, или немајќи повеќе средства за одбрана, се предал безусловно...
...
Член 50. Никаква колективна казна, парична или од друг вид, нема да се изрекува на населението заради дела на поединци за кои не може да се смета дека тоа има солидарна одговорност.“
Б. Женевска конвенција
75. Конвенцијата која се однесува на постапувањето со воени заробеници (Женева, 27 јули 1929 година) го превидувала следното:
„Член 2. . Воените заробеници се под власт на непријателската Влада, а не под власт на поединците или воените формации кои ги заробиле.
Со нив во секој момент ќе се постапува човечно и тие ќе бидат заштитени, особено од акти на насилство, од навреди и љубопитност на јавноста.
Репресалии против нив се забранети.
...
Член 61. Ниту еден воен заробеник нема да биде осуден без да му биде дадена можност да се брани себеси.
Ниту еден воен затвореник нема да биде принуден да признае дека е виновен за кривичното дело за кое е обвинет.
...
Член 63. На воен заробеник ќе му биде изречена казна од страна на истите трибунали и во согласност со истата постапка како и во случај на лица кои припаѓаат на воените сили на државата која го заробила.“
В. Повелба на Меѓународниот воен трибунал во Нирнберг
76. Член 6 од Повелбата (Статутот) на Меѓународниот воен трибунал (Трибуналот во Нирнберг) донесена врз основа на договор потпишан на 8 август 1945 година помеѓу Владите на САД, Франција, Обединетото Кралство и СССР, ја содржи следната дефиниција на злосторства:
„Следните дела, или било кое од нив, се кривични дела во надлежност на Трибуналот за кои постои индивидуална одговорност:
(a) злосторства против мирот: имено, планирање, подготовка, започнување или водење агресивна војна, или војна која е во спротивност со меѓународни договори, спогодби или гаранции, или учество во заеднички план или заговор за постигнување на било кое од следните дела:
(б) воени злосторства: имено, повреди на законите или обичаите на војување. Во такви повреди спаѓаат, но не само тие, убиство, мачење или депортација за присилна работа на цивилно население или заради било која друга цел или во окупирана територија, убиство или мачење на воени заробеници или на лица на море, убивање на заложници, уништување на јавна или приватна сопственост, намерно уништување на градови или села, или уништување кое не е оправдано со воена потреба;
(в) злосторства против човештвото: имено, убиство, истребување, поробување, депортација и други нечовечки дела извршени против било кое цивилно население, пред или во текот на војна, или прогонување врз политичка, расна или верска основа при извршување на кривично дело или во врска со било кое кривично дело во надлежност на Трибуналот, без разлика дали е спротивно на домашното право на земјата во која е извршено или не.“
77. Дефиницијата беше покасно кодифицирана како начело VI во Начелата на меѓународно право признати во Повелбата на Трибуналот во Нирнберг и пресудата на Трибуналот, формулирани од Комисијата за меѓународно право во 1950 година со резолуцијата 177 (II) на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации и потврдени од Генералното собрание.
Г. Конвенција за незастарување на воените злосторства и злосторствата против човештвото
78. Конвенцијата за незастарување на воените злосторства и злосторствата против човештвото (26 ноември 1968 година), чија договорна страна е Руската Федерација, поконкретно го превидува следното:
член I
„Не важат законските рокови за застареност за следните дела, без оглед на датата на нивно извршување:
(a) Воени злосторства дефинирани со Повелбата на Меѓународниот воен трибунал, Нирнберг, од 8 август 1945 година, и потврдени со резолуциите 3 (I) oд 13 февруари 1946 година и 95 (I) oд 11 декември 1946 година на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации ...
(б) Злосторства против човештвото без разлика дали се извршени во време на војна или во време на мир како што се дефинирани во Повелбата на Меѓународниот воен трибунал, Нирнберг, од 8 август 1945 година и потврдени со резолуциите 3 (I) oд 13 февруари 1946 година и 95 (I) oд 11 декември 1946 година на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации ... “
член IV
„Државите договорнички на оваа Конвенција се обврзуваат да донесат, во согласност со уставните процедури на секоја од нив, секакви законски или други мерки кои се потребни за да гарантираат дека законските или други рокови за застареност нема да се применуваат за кривичното гонење и казнување на делата споменати во член I и член II oд оваа Конвенција и дека, ако постојат, таквите рокови ќе бидат укинати.“
Д. Виенска конвенција за договорно право
79. Виенската ковенција за договорно право (23 мај 1969 година), чија договорна страна е Руската Федерација, го предвидува следното:
член 26
Pacta sunt servanda
„Секој договор што е во сила ги обврзува неговите договорни страни и тие мора да го извршуваат во добра вера.“
член 27
Домашно право и почитување на правото
„Една договорна страна не може да се повика на одредбите на своето домашно право како оправдување за тоа што неизвршила договор. ...“
член 28
Неретроактивно дејство на договорите
„Освен ако од договорот или на друг начин е утврдена поинаква намера, неговите одредби не ја обврзуваат договорната страна за ниту еден акт или факт кој настанал или ситуација којашто престанала да постои пред влегувањето во сила на договорот во однос на таа договорна страна.“
Ѓ. Меѓународен пакт за граѓански и политички права
80. Член 7 од Пактот, чија договорна страна е Руската Федерација, гласи:
„Никој нема да биде подложен на мачење или сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување. Посебно е забрането некое лице да биде подложено на медицински или научни експерименти без негова слободно дадена согласност.“
81. Генералниот коментар бр. 31 [80] на Комитетот за човекови права, насловен Карактер на општата правна обврска наметната на државите договорнички на Пактот, усвоен на 29 март 2004 година (2187 состанок), гласи:
„4. Обврските од Пактот генерално и од член 2 конкретно, се обврзувачки за секоја држава договорничка како целина. Сите гранки на власта (извршна, законодавна и судска), и други јавни или владини органи, на било кое ниво – национално, регионално или локално – можат да доведат до одговорност на државата договорничка. Извршната власт која вообичаено ја претставува државата договорничка на меѓународно ниво, вклучително и пред Комитетот, не може да посочи кон фактот дека постапка која не е спојлива со обврските од Пактот бил извршена од страна на друга гранка на власта како начин да ја ослободи државата договорничка од одговорност за таа постапка и последиците од неа. Ова сфаќање произлегува од начелото содржано во член 27 од Виенската конвенција за договорно право, според која една држава договорничка ‘не може да се повика на одредбите од своето домашно право како оправдување за неизвршување на договор’. ...“
82. На своето заседание од 3 април 2003 година Комитетот за човекови права основан согласно член 28 од Пактот, ги изразил следните ставови по разгледувањето на комуникацијата бр. 886/1999, поднесена во има на г-ѓа Наталија Счедко и г-н Антон Бондаренко против Белорусија:
„10.2 Комитетот воочува дека авторката [подносителка на комуникацијата] се жали дека нејзиното семејство не било известено ниту за датата, ниту за времето, ниту за местото на егзекуцијата на нејзиниот син, ниту за точното место на кое тој бил покасно погребан и дека ова тврдење не беше оспорено. Во отсуство на оспорување на овој навод од страна на државата договорничка, и на било какви други релевантни информации од државата договорничка во однос на праксата на извршување смртни казни, мора да му се даде соодветна тежина на наводот на авторката. Комитетот ја разбира болката и психолошкиот притисок предизвикан на авторката на жалбата, како мајка на затвореник осуден на смртна казна, која што ја претрпила и сѐ уште ја трпи поради неразјаснетите околности кои довеле до негова егзекуција, како и локацијата на неговиот гроб. Целосната тајност на датата на егезекуција, и местото на кое е закопан како и одбивањето да се предаде телото за да биде закопано имаат за последица застрашување или казнување на семејствата преку нивно намерно оставање во состојба на неизвесност и психолошко страдање. Комитетот смета дека фактот што властите најпрво не ја известиле авторката за датата предвидена за екгзекуција на нејзиниот син, и фактот што потоа тие на ја известиле за локацијата на гробот на нејзиниот син претставуваат нечовечко постапување со авторката, спротивно на член 7 од Пактот.“
83. На неговото заседание на 28 март 2006 година Комитетот за човекови права ги искажал следните ставови после разгледувањето на комуникација бр. 1159/2003, поднесена во име на Мариам, Филип, Огист и Томас Санкара против Буркина Фасо:
„6.2 Комитетот ги воочи аргументите на државата договорничка дека комуникацијата не е допуштена затоа што тој е временски ненадлежен. Комитетот исто така ги воочи и аргументите на авторите, и сметаше дека мора да се направи разлика помеѓу жалбениот навод за г-н Томас Санкара и жалбениот навод во врска со г-ѓа Санкара и нејзините деца. Комитетот сметаше дека смртта на Томас Санкара, при која можно е дека дошло до повреди на неколку членови на Пактот, се случила на 15 октомври 1987 година, значи пред Пакт и Опциониот протокол да влезат во сила во однос на Буркина Фасо. Овој дел од комуникацијата затоа беше прогласен за недопуштен ratione temporis. Потврдата за смррта на Томас Санкара од 17 јануари 1988 година, во која се наведува дека тој починал од природна смрт – спротивно на фактите, кои се јавно познати и потврдени од државата договорничка... – тоа што властите не ја исправиле потврдата во периодот од таа дата натаму мора се разгледува во светло на нивниот континуиран ефект врз г-ѓа Санкара и нејзините деца.
...
12.2 Што се однесува на наводната повреда на член 7, Комитетот ја разбира болката и психолошкиот притисок кои г-ѓа Санкара и нејзините синови, како семејство на човек убиен под спорни околности, ги претрпеле и кои и натаму ги трпат затоа што тие сѐ уште не ги знаат околностите на смртта на Томас Санкара, или прецизната локација на која неговите останки биле официјално закопани. Семејството на Томас Санкара има право да ги знае околностите под кои настанала неговата смрт, и Комитетот посочува дека секој жалбен навод кој се однесува на акти од член 7 од Пактот мора да биде истражен брзо и непристрасно од страна на надлежните органи. Покрај тоа, Комитетот го воочува, како што стори и во текот на неговото одлучување за допуштеноста на комуникацијата, фактот што не била исправена потврдата за смртта на Томас Санкара издадена на 17 јануари 1988, во која се наведува природна смрт, спротивно на општо познати факти, кои беа потврдени од државата договорничка. Комитетот смета дека одбивањето да се спроведе истрага за смртта на Томас Санкара, отсуството на официјална потврда за местото на кое е закопан и неисправувањето на потврдата за смрт претставуваат нечовечко постапување со г-ѓа Санкара и нејзините синови, спротивно на член 7 од Пактот. ...“
III. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
A. Закон за кривична постапка на Руската Федерација (Закон бр. 174-ФЗ од 18 декември 2001 година)
84. Член 24, став 1 ги наведува следните основи за запирање на кривичната постапка:
“(1) немало кривично дело:
(2) дејствијата не претставуваат кривично дело:
...
(4) осомниченото или обвинетото лице починало, освен во случаи во кои кривичната постапка треба да продолжи заради рехабилитација на починатото лице...“
85. Член 42 дефинира „жртва“ како лице кое претрпело физичка, парична или нематеријална штета како последица на кривично дело. Одлуката некое лице да се признае како „жртва“ мора да биде донесена од сослушувач, истражител, обвинител или суд.
Б. Закон за рехабилитација (Закон бр. 1761-I oд 18 октомври 1991 година)
86. Според преамбулата, намената на Законот за рехабилитација е „рехабилитација“ на сите жртви на политичка репресија кои биле кривично гонети на територија на Руската Федерација после 7 ноември 1917 година, поимот „рехабилитација“ се разбира како „враќање на нивните граѓански права, отстранување на сите други неповолни последици од арбитрерни постапки и исплата на надомест за материјална штета“.
87. Со член 1 „политичка рересија“ се дефинира како различни мерки на принуда, вклучително лишување од живот или слобода, кои биле наметнати од државата од политички причини, како и секое друго ограничување на правата или слободите на тие лица кои биле утврдени како општествено опасни за државата или политичкиот режим поради нивната класа или социјално потекло, етницитет или религија.
88. Со член 2 се проширува примената на Законот за рехабилитација на сите руски државјани, поранешни државјани на СССР, странски државјани и лица без државјансво кои биле подложени на политичка репресија на територијата на Руската Федерација после 7 ноември 1917 година.
89. Член 3 ги утврдува категориите на лица кои исполнуваат услови за „рехабилитација“. Точката б од тој член се однесува на лица кои биле подложени на кривично казнување врз основа на одлуки на Сѐруската вонредна комисија (ВЧК), Главната политичка управа (ГПУ), Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД), Министерството за државна безбедност (МГБ), обвинители и нивни колективни тела, „специјални комисии“, тројката и други органи со судски функции.
В. Класификација и декласификација на државни тајни во Русија
90. Според неговата преамбула, со Законот за државни тајни (Закон бр. 5485-I oд 21 јули 1993 година) се регулира процедурата за идентификација на државни тајни, класификација и декласификација на информации и заштита на информации од интерес на националната безбедност на Руската Федерација.
91. Член 5 содржи листа на категории на информации кои претставуваат државна тајна. Во тој член се вклучени посебно следните:
„(4) информации од областа на разузнавањето, контраразузнавањето и оперативни и истражни активности, како и информации од областа на борбата против тероризмост:
- кои се однесуваат на ресурси, средства, извори, методи, планови и исходи од разузнавачки, контраразузнавачки, оперативни и истражни активности и нивно финансирање
- кои се однесуваат на лица кои соработувале или соработуваат тајно со органите кои се одговорни за разузнавачки, контраразузнавачки, оперативни и истражни активности.“
92. Член 7 содржи листа на информации кои не може да се прогласат за државна тајна или да бидат класифицирани. Тој член, поконкретно, се однесува на следните информации:
„- информации кои се однесуваат на повреди на човекови права и слободи на лица и граѓани...
- информации кои се однесуваат на повреди на законот направени од државни органи или функционери.“
93. Член 13 ја регулира процедурата за декласификација на информации. Тој исто така го предвидува следното:
„Временскиот период во текот на кој државните тајни остануваат класифицирани не може да биде подолг од триесет години. Во исклучителни случаи, Меѓуресорната комисија за заштита на државни тајни може да го продолжи овој временски период.“
94. На 2 август 1997 година Владата усвои Уредба за подготовка на информации кои се државна тајна за нивно предавање на странски држави и меѓународни организации (бр. 973). Со таа уредба се предвидува дека одлуката за предавање на такви информации може да се донесе од руската Влада врз основа на извештај подготвен од Меѓуресорната комисија за заштита на државни тајни (член 3). Страната која ги прима тие информации мора да се обврзе да ги заштити класифицираните информации преку склучување на меѓународен договор со кој помеѓу другото, се утврдува процедурата за предавање на информациите, клаузула за доверливост и процедура за решавање на спорови (член 4).
Г. Кривичен законик на Руската Федерација (Закон бр. 63-ФЗ од 13 јуни 1996 година)
95. Глава 34 од законикот содржи листа на кривични дела против мирот и безбедноста на човештвото. Член 335 посебно забранува „сурово постапување со воени заробеници или цивили“, кривично дело кое е казниво со казна затвор до дваесет години.
96. Член 78, став 5 предвидува дека кривичните дела дефинирани во член 353 (Војна), член 356 (Употреба на недозволени средства на борба), член 357 (Геноцид) и 358 (Екоцид) не застаруваат.
ПРАВО
I. ДАЛИ РОДНИНИТЕ НА ПОЧИНАТИТЕ ИМААТ ПРОЦЕСНА СПОСОБНОСТ
97. После смртта на жалителот г-н Кжиштов Јан Малевич на 7 јули 2011 година, неговиот син, г-н Пјотј Малевич, го извести Судот дека сака во негово име да ги преземе истакнатите жалбени наводи.
98. Судскиот совет повтори дека во случаи во кои жалителот починал во текот на постапката, Судот претходно ги земал предвид изјавите на нивните наследници или членови на блиското семејство кои изразуваат желба да ја продолжат постапката пред Судот (види Karner против Австрија, бр. 40016/98, параграф 25, ECHR 2003-IX, и Dalban против Романија [ГСC], бр. 28114/95, параграф 39, ECHR 1999-VI). Судскиот совет затоа прифати дека г-н Пјотр Малевич може да ја продолжи постапката во делот во кој што жалбата е истакната од неговиот покоен татко.
99. Жалителката Галина Михалска почина на 28 ноември 2012 година. Со допис од 30 јануари 2013 година, нејзиниот син, г-н Кажимирж Рачињски, ја изрази неговата намера да ја продолжи постапката на нејзино место.
100. Големиот судски совет се согласува дека и г-н Пјотр Малевич и г-н Кажимирж Рачињски се блиски сродници на покојните жалители. Големиот судски совет понатаму воочува дека потврдувањето на процесната способност на г-н Пјотр Малевич од страна на Судскиот совет не беше оспорена од ниту една странка. Големиот судски совет затоа не наоѓа причина за да донесе поинаков заклучок, ниту во однос на г-н Пјотр Малевич, ниту, по аналогија, во однос на г-н Кажимирж Рачињски.
101. Затоа, Судот прифаќа дека г-н Пјотр Малевич и г-н Кажимирж Рачињски продолжуваат со жалбата во делот во кој таа е поднесена од покојниот г-н Кжиштоф Јан Малевич и покојната г-ѓа Галина Михалска.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 2 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
102. Жалителите се жалеа дека надлежните руски органи не ги исполниле нивните обврски кои произлегуваат од процедуралниот аспект на член 2 од Конвенцијата, кој наложувал тие да спроведат адекватна и ефикасна истрага за смртта на нивните блиски. Член 2 предвидува:
“1. Правото на живот на секој човек е заштитено со закон. Никој не може намерно да биде лишен од живот, освен со извршување на смртна казна, изречена со судска пресуда, со која е прогласен за виновен за кривично дело кое, според законот, се казнува со таква казна.
2. Се смета дека одредбите на овој член не се повредени доколку смртта настапила како резултат на апсолутно потребна употреба на сила:
а. во одбрана на секој поединец од незаконско насилство;
б. при апсење според закон или спречување на бегство на лице уапсено врз основа на закон;
в. при законско спречување на немир или бунт.“
A. Пресуда на Судскиот совет
103. Потсетувајќи дека во својата одлука за допуштеност на жалбата од 5 јули 2011 Судот го приклучи приговорот на Владата во однос на неговата временска надлежност во врска со процедуралниот аспект на член 2 кон одлуката за основаноста на жалбата, Судскиот совет најпрво испита дали тој приговор треба се усвои или отфрли. За таа цел, Судскиот совет направи преглед на релевантната судска пракса на Судот и принципите кои се применуваат за временските ограничувања на процедуралните обврски на државите формулирани во пресудата во Šilih против Словенија ([ГСC], бр. 71463/01, параграфи 160-163, 9 април 2009 година) и применети во низа на случаи против Романија, Украина и Хрватска.
104. Во однос на првиот критериум – постоење на „вистинска врска“ наложен со првата реченива во параграф 163 од пресудата во Šilih, Судскиот совет одлучи дека стандардот на „вистинска врска“ би бил исполнет само ако временскиот период кој поминал помеѓу настанот кој довел до определена ситуација и датата на ратификација бил релативно краток. Покрај тоа, советот посочил дека значителен дел од истражните мерки кои се потребни за обезбедување на почитување на процедуралната обврска од член 2 мора да биле извршени после датата на ратификација. Според Судскиот совет, ниту еден од тие услови не бил исполнет во овој случај, во кој временскиот период помеѓу настанување на смртта (1940) и датата на ратификација (5 мај 1998 година) бил премногу долг во апсолутна смисла за да го исполни стандардот „вистинска врска“. Исто така, Судскиот совет не можел да најде било каква индикација во списите на предметот или во поднесоците на странките дека било која од процедуралните мерки преземени во периодот после ратификација би можела да се спореди по својата важност со мерките преземени пред датата на ратификација.
105. Судскиот совет понатаму испитал дали околностите на случајот биле такви да оправдуваат заклучок дека врската помеѓу настанот кој довел до жалбата и датата на ратификација била заснована на „потребата да се осигура ефикасна заштита на гаранциите и темелните вредности на Конвенцијата“ (параграф 139), како што е наведено во параграф 163 од пресудата во Šilih. Со оглед на тоа што ова беше првиот предмет во кој Судот треба да даде толкување на таа клаузула, Судскиот совет – инспириран од пресудата во случајот Brecknell (Brecknell против Обединетото Кралство, бр. 32457/04, 27 ноември 2007 година) –ја коментирал таа пресуда на следниот начин:
„Далеку од тоа да е случајно, повикувањето на основните вредности на Конвенцијата покажува дека, за да се утврди таква врска, настанот за кој станува збор мора да биде од поголеми размери од обично кривично дело и да претставува негирање на самите темели на Конвенцијата, како на пример, воени злосторства или злосторства против човештвото. Иако за таквите кривични дела не важат правилата за застареност врз основа на Конвенцијата за незастарување на воените злосторства и злосторствата против човештвото..., тоа не значи дека државите имаат временски неограничена должност нив да ги истражат. Сепак, процедуралната обврска може повторно да оживее ако информации кои наводно ги разјаснуваат околностите на тие дела станат достапни после критичната дата. Не може секое тврдење или навод да доведе до нова обврска за водење на истрага согласно член 2 од Конвенцијата. Со оглед на фундаменталната важност на оваа одредба, државните органи мора да бидат чувствителни на сите информации или документи кои имаат потенцијал или да ги доведат во прашање заклучоците од претходна истрага или да овозможат да биде продолжена претходна истрага која не довела до резултати ... Ако новите документи станат достапни во периодот после ратификација и ако тие се доволно важни и убедливи за да наложат отворање на нова постапка, Судот ќе има временска надлежност за да одлучи дали тужената држава ја исполнила својата процедурална обврска од член 2 на начин кој е во согласност со принципите изразени во неговата судска пракса.“ (параграф 139, цитатите се изоставени).
106. Применувајќи ги тие критериуми во случајот за кој одлучувал, Судскиот совет заклучил дека (1) масовното убивање на полските воени заробеници од страна на советската тајна полиција имало обележја на воено злосторство, но дека (2) во периодот после 5 мај 1998 година, не бил доставен или откриен ниту еден доказ кој по својот карактер или доказна сила би можел да ја обнови процедуралната обврска за водење на истрага или да отвори нови или пошироки прашања. Затоа Судскиот совет заклучил дека немало елементи кои можеле да доведат до поврзување на далечното минато со поновиот период после ратификација и дека не било покажано постоење на специјални околности кои оправдуваат поврзување на смртта и ратификацијата.
107. Во светло на тие согледувања, Судскиот совет одлучил дека Судот немал надлежност ratione temporis да ја разгледува основаноста на жалбениот навод по член 2 од Конвенцијата.
Б. Аргументи на странките
1. Руската Влада
108. Владата истакна дека требало да се направи правна разлика помеѓу две ситуации: ситуација во која повреда на Конвенцијата настанала во период кој не влегува во временската надлежност на Судот, и втора ситуација во која повредата на Конвенцијата е „правно непостоечка“ затоа што во релевантниот период Конвенцијата не била усвоена. Според Владата, оваа разлика била клучна, затоа што само „правно постоечка“ повреда на член 2 во неговиот материјален аспект – којашто сепак можела да настане надвор од временската надлежност на Судот – можела да доведе до процедурални обврски на државата според член 2 земен во врска со член 1 од Конвенцијата. Во случаите за кои Судот имал претходно одлучувано, настаните кои довеле до должност за спроведување на истрага се случиле после донесувањето на Конвенцијата. Во овој случај наводната повреда на член 2 од неговиот материјален аспект не само што била надвор од временската надлежност за на Судот, туку исто и не постоела де јуре, затоа што „настаните од Катин“ му претходеле десет години на усвојувањето на Конвенцијата на 4 ноември 1950 година и педесет и осум години на нејзината ратификација од страна на Русија на 5 мај 1998 година. Според Владата, тоа го спречувало Судот да го оценува почитувањето од страна на Русија на нејзините процедурални обврски. Понатаму, Владата изјави дека Судот немал надлежност ratione materiae да го оквалификува масакрот во Катин како „воено злосторство“ од гледна точка на меѓународното хуманитарно право.
109. Владата истакна дека не можело да се каже дека настанала обврска да се истражат „настаните во Катин“, ниту како прашање на домашно право, ниту од аспект на меѓународното хуманитарно право, ниту од аспект на Конвенцијата. На домашно ниво, била спроведена истрага за кривично дело казниво со член 193-17 (б) oд Кривичниот законик на РСФСР од 1926 година (злоупотреба на положбата со предизвикување сериозни последици, извршено под отежнителни околности) за кое рокот за застареност бил десет години. Модерниот руски Закон за кривична постапка наложувал постапката да биде запрена по истекување на тој законски рок. Покрај тоа, офицерите на НКВД на СССР починале пред отворањето на истрагата. Од аспект на домашната кривична постапка, нивната смрт била посебен правен основ поради кој не можело да се поведе или продолжи кривична постапка против нив. Во меѓународното право, смртта на осомничените или обвинетите била исто така општо прифатена причина за одбивање да се поведе кривична постапка или за нејзино запирање (во овој дел Владата се повика на Обвинителот против Norman, Fofana and Kondewa, Специјален суд за Сиера Леоне, Одлука на Судскиот совет од 21 мај 2007 година, SCSL-04-14-T-776, и Обвинителот против Слободан Милошевиќ, Меѓународен кривичен трибунал за поранешна Југославија, IT-02-54, Одлука за запирање на постапката од 14 март 2006 година). За Владата, јасно било дека истрагата во кривичниот предмет бр. 159 била извршена „спротивно на критериумите на кривичната постапка, од политички причини, како гест на добра волја кон полските власти“:
110. Од гледна точка на меѓународното хуманитарно право Владата сметаше дека, барем до 1945 година, немало општо обврзувачко правило на меѓународното право за дефиницијата на воени злосторства или злосторства против човештвото или за припишувањето на одговорност и кривичното гонење за таквите дела. Со оглед на тоа што Меѓународниот воен трибунал бил ад хок трибунал, одредбите од неговата Повелба, вклучувајќи ги дефинициите на кривични дела содржани во неа, биле ограничени на постапката која се водела пред него против најголемите воени злосторници на силите на Оската. Владата заклучи дека меѓународното право, какво што било во 1940 година, не давало доволен основ за квалификување на „настаните во Катин“ како воено злосторство, злосторство против човештвото или геноцид освен ако тие можеле да се припишат на главните воени злосторници на силите на Оската и влегувале во надлежност на Трибуналот во Нирнберг. Сепак, по барање на полските власти, руските истражители ја испитале „верзијата дека станува збор за геноцид“ и одлучиле дека не било извршено такво дело затоа што сторителите имало само криминални мотиви, а немале намера да уништат, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група (согласно дефиницијата во член 2 и 3 од Конвенцијата за спречување и казнување на злочинот геноцид, 9 декември 1948 година).
111. Што се однесува на процедуралната обврска од Конвенцијата за водење на истрага, Владата повтори прво, дека истрагата за кривичниот предмет бр. 159 била спроведена од политички причини, како гест на добра волја, и затоа не можела да биде оценета од аспект на процедуралните обврски од член 2. Второ, според Владата, само тие настани кои се случиле после усвојување на Конвенцијата можеле да доведат до било каква процедурална обврска. Трето, од руските органи не можело разумно да се очекува да спроведат ефикасна истрага околу педесет и осум години после настаните кога сведоците веќе биле починати, а клучните документи биле уништени. Како алтернативен аргумент, Владата истакна дека „Конвенцијата не наметнувала никаква конкретна обврска...да се даде обештетување за повреди или штета настанати пред...ратификација“ (тука таа се повика на Kopecký против Словачка [ГСC], бр. 44912/98, параграф 38, ECHR 2004‑IX). Со други зборови, кога Судот бил спречен од аспект на временска надлежност да ги испитува околностите на смртта, тој не можел да утврди дали таа доведувала до процедурална обврска согласно член 2 или не (тука Владата се повика на Kholodovy против Русија (одлука), бр. 30651/05, 14 септември 2006 година, и Moldovan и други против Романија (одлука), бр. 41138/98 и 64320/01, 13 март 2001 година).
112. Што се однесува на можноста за одделување на процедуралната обврска, руската Влада посочи дека не секоја смрт доведува до процедурална обврска и дека Судот најпрво морал да испита дали околностите на смртта биле од таков вид да доведувале до таква обврска. Сепак, кога смртта настанала пред датата на ратификација, Судот не би имал временска надлежност да направи таква анализа. Понатаму, принципот на одделување [на процедуралната обврска] морал да биде подложен на определени ограничувања за да се избегне непредвидено проширување на надлежноста на Судот и досегот на Конвенцијата. Најпрво, протекот на време морал да биде разумно кус, што не било така во овој случај. Второ, значителен дел од истражните мерки морало да бидат преземени после датата на ратификација. Овој критериум исто така не бил исполнет во овој случај. На крај, кога станува збор за потребата да се гарантира вистинска и ефикасна заштита на темелните вредности на Конвенцијата, Владата се согласи дека настанот за кој станува збор морал да биде од поголеми размери од обично кривично дело. Сепак, што се однесувало на “настаните во Катин“, Судот немал ниту надлежност ratione temporis, ниту надлежност ratione materiae, да ги оценува од аспект на меѓународното хуманитарно право.
113. Владата нагласи дека сите најважни процедурални мерки во истрагата за Катин биле извршени во периодот помеѓу 1990 и и 1995 година и дека не се појавиле релевантни „нови материјали“ после 5 мај 1998 година. Cпротивно на наводот на полската Влада, одлуката за класификација на определени документи не можела да се смета за „нов доказ“ кој може да ја возобнови процедуралната обврска од член 2. Тоа не можело да го стори ни наводното откривање на украинската листа во 2002 година, кое што претставувало само барање за појаснување од страна на украинските власти.
2. Жалителите
114. Жалителите потврдија дека масакрот во Катин извршен во 1940 година бил акт кој е надвор од временскиот досег на Конвенцијата, и дека Судот немал надлежност ratione temporis да одлучува за материјалниот аспект на член 2. Сепак, според нив, Судот требало да има временска надлежност да испита дали Русија ја почитувала својата процедурална обврска од член 2, којашто била одделна и автономна должност која може да ја обврзе државата дури и кога конкретната смрт настанала пред датата на ратификација.
115. Жалителите сметаа дека вистинската врска потребна за да се утврди временска надлежност на Судот треба да биде заснована најпрво на „потребата да се осигура дека гаранциите и темелните вредности на Конвенцијата [биле] заштитени на вистински и ефикасен начин (жалителите се повикаа на пресудата во Šilih, цитирана погоре, параграф 163 in fine). Судот претходно се повикувал на изразот „темелните вредности на Конвенцијата“ при заклучување дека конкретни случаи на говор на омраза, како што е говор со кој се негира Холокаустот или со кој се оправдуваат воени злосторства, биле неспојливи со вредностите на Конвенцијата (овде тие се повикаа на Garaudy против Франција (одлука), бр. 65831/01, ECHR 2003-IX (извадоци); Witzsch против Германија (одлука), бр. 7485/03, 13 декември 2005 година; и Orban и други против Франција, бр. 20985/05, параграф 35, 15 јануари 2009 година). Затоа што говорот со кој се негира постоењето на злосторства согласно меѓународното право се сметал дека е спротивен на темелните вредности на Конвенцијата, истото објаснување требало да важи a fortiori за самите дела, кои го поткопувале самото значење на правдата и мирот, фундаментални вредности на Конвенцијата изразени во нејзината преамбула. Според жалителите, споменувањето на темелните вредности во параграф 163 од пресудата во Šilih покажувало дека постоеле некои случаи на акти кои ја повредуваат самата основа на системот на Конвенцијата чиј карактер, размери и сериозност треба да му дадат на Судот временска надженост да ја испита обврската на државата да спроведе ефикасна истрага.
116. Жалителите останаа на ставот дека масакрот во Катин бил кривично дело согласно меѓународното право. Полските војници заробени од Црвената армија имале право на целосната заштита кој им е гарантирана на воените заробеници, вклучувајќи ја заштитата од акти на насилство и суровост која е дадена со одредбите на Четвртата хашка конвенција од 1907 година и Женевската конвенција од 1929 година. Убиството на полските воени заробеници во 1940 година било незаконит акт кој ги прекршувал член 4, член 23 (в) и член 50 од Четвртата хашка конвенција и член 2, член 46, член 61 и член 63 од Женевската конвенција. Иако СССР не бил договорна страна на ниту една од тие конвенции, тој имал должност да ги почитува универзално обврзувачките начела на меѓународното обичајно право, кои само биле кодифицирани со тие конвенции. Дека таква обврска била јасно призната како правно обврзувачка од СССР било очигледно од фактот што, на судењата во Нирнберг, советскиот обвинител се обидел да ги обвини нацистичките лидери за убиството на полските воени заробеници. Истребувањето на полските воени заробеници било воено злосторство во смисла на член 6 (б) од Повелбата на Трибуналот во Нирнберг, а убивањето на цивили претставувало злосторство против човештвото дефинирано во член 6 (в) од истата Повелба. Квалификувањето на масакрот во Катин како воено злосторство, како што било сторено од Нирнбершкиот трибунал, морало да се сфати во објективна смисла и не зависело од тоа кој всушност го извршил тоа злосторство. Понатаму, егзекуцијата на воените заробеници претставувала и била сметана за воено злосторство од страна на меѓународната заедница, факт кој бил убедливо покажан од обемната судска пракса од судењата на воени злосторници после војната. Како злосторство согласно меѓународното право, масакрот во Катин не бил дело кое застарува ниту во моментот на негово извршување, ниту денес, и истовременета должност за водење истрага важела до денес.
117. Жалителите понатаму се повикаа на два фактора кои ја поткрепувале тезата дека Судот има надлежност да одлучува за почитувањето од страна на Русија на процедуралната обврска од член 2. Прво, Советот на Европа и Конвенцијата биле создадени како демократски политички и правни алтернативи на повредите на човековото достоинство од големи размери извршени од тоталитарните режими, нацизмот и сталинизмот. Масакрот во Катин бил извршен од тоталитарен режим чии цели и вредности биле радикално спротивно со целите и вредностите од Конвенцијата. За Конвенцијата да се штити на вистински и ефикасен начин, сегашните договорни страни морале да спроведуваат истраги за злосторства извршени од тоталитарни режими. Второ, ефикасна истрага за масакрот во Катин била предуслов за „рехабилитација’ на лицата убиени како жртви на политичка репресија и за зголемување на јавната свест за тоталитарни злосторства.
118. Жалителите понатаму сметаа дека, дури и според „критериумот на нови докази“ којшто бил развиен и применет во пресудата на Судскиот совет, Судот можел да има надлежност да го испитува почитувањето на Русија на процедуралната обврска од член 2, претпоставувајќи дека потребниот нов елемент не бил сведен на важни нови докази за кои се дознава во периодот после ратификација, но исто така да подразбира нови и доволно важни процедурални факти. Овој критериум требало исто така да опфаќа случаи во кои домашните органи не собрале нови докази или во кое донеле заклучоци кои биле очигледно спротивни на претходно донесени заклучоци или историски факти. Иако одлуката за запирање на истрага не била нов доказ за истрагата, таа можела да претставува нова важна процедурална промена во контекст на член 2 од Конвенцијата, особено затоа што претставувала ненадејна промена во истрагата. Понатаму, кога значителен дел од документите од истрагата станале класифицирани и истиот статус бил даден и на последната одлука во истражната постапка, постоеле доволно причини за да се претпостави дека ненадејната и радикална промена во истрагата мора да била последица на нови релевантни заклучоци.
119. Свртувајќи се кон основаноста на жалбениот навод по член 2, жалителите истакнаа дека руската истрага не ги исполнувала основните услови на таа одредба. Руските органи не дале објаснување за разликата помеѓу убиените лица (21,857) и далеку помалиот број на оние кои се сметаат за „исчезнати“(1,803). Руските органи не спровеле целосни ископувања на гробниците. На жалителите не им бил даден статус на оштетена страна во постапката и поради тоа истрагата не била транспарентна. На крај, истрагата не била насочена кон наоѓање на сторителите и нивно изведување пред суд. Жалителите се повикале на имињата на двајца високи советски функционери кои биле вмешани во масакрот во Катин и кои биле сѐ уште живи во деведесеттите години на минатиот век.
3. Полската Влада
120. Полската Влада истакна дека при толкувањето на „клаузулата за посебни околности“ во последната реченица на параграф 163 од пресудата во Šilih требало да се земе предвид посебниот карактер на извршените дела, кои биле воени злосторства согласно меѓународното право. Понатаму, Судот требало да ги земе предвид следните фактори: (1) истрагата за масакрот во Катин не била возможна од политички причини пред 1990 година; (2) истрагата се водела шест години после ратификацијата на Конвенцијата од страна на Русија; (3) имало поголем број на лица со легитимен интерес да ги дознаат околностите на масакрот; и (4) сѐ уште имало доволно можности за водење на истрагата.
121. Полската Владата понатаму истакна дека помеѓу 1998 и 2004 година руските обвинителни органи, во рамките на истрагата за Катин, спровеле повеќе процедурални мерки со кои се дошло до нови докази кои можело да се тврди дека ја „оживувале“ процедуралната обврска од член 2. Во нив спаѓале: (1) испраќање на дописи во 2002 година помеѓу руските и украинските обвинители во врска со Катин; (2) испраќање на повеќе од 3,000 барања за информации до руските центри за лични податоци во врска со судбината на полските државјани чии имиња биле на „украинската листа за Катин“; (3) полско-руски билатерални консултации; (4) вложувањето на повеќе од деведесет барања од блиските на жртвите од Катин; (5) барањето за изработка на две експертски мислења за правната квалификација на масакрот во Катин; и (6) одлуката за класификација на документи од списите на предметот.
122. Свртувајќи се кон основаноста на жалбениот навод по член 2, полската Влада истакна дека истрагата за Катин била неефикасна. Од една страна руските обвинители ја потврдиле егзекуцијата на блиските на жалителите во 1940 година, но, од друга, руските воени судови ги прогласиле нив за исчезнати лица. Руските органи не ги сослушале жалителите, ниту направиле било какви напори да направат форензички анализи или да откријат документи. Тие направиле погрешна оцена на доказите кои полската страна им ги предала и погрешно го оквалификувале масакрот во Катин како злоупотреба на положбата. На жалителите не им било дадено правото да учествуваат во истрагата и не им бил даден процедурален статус на оштетена страна. На крај, со класификација на значителен дел од документите во досието, руските органи не воспоставиле правична рамнотежа помеѓу јавниот интерес за откривање на злосторствата од тоталитарното минато и приватниот интерес на жалителите за утврдување на околностите на смртта на нивните блиски.
4. Tрети страни
(a) Open Society Justice Initiative
123. Open Society Justice Initiative истакна дека државите имале обврска, согласно Конвенцијата и обичајното меѓународно право, да ги истражат воените злосторства и злосторствата против човештвото сѐ додека е тоа практично изводливо. Оваа обврска се подразбирала од забраната за примена на законски рокови за застареност за таквите дела и за неа не важеле било какви временски ограничувања. Тие потврдија дека спроведувањето на ефикасна истрага станувало потешко со протекот на време, но дека сепак постоечката пракса на национални и меѓународни судови да вршат надлежност за минати повреди покажувала дека било можно успешно кривично гонење дури и многу децении после фактите. Третата страна се повика на пресудите на Судот во случаите Brecknell и Varnava и на судската пракса на Интерамериканскиот суд за човекови права во случаите Heliodoro Portugal против Панама (пресуда од 12 август 2008 година) и Gomes Lund против Brazil (пресуда од 24 ноември 2010 година). Tретата страна истакна дека ефикасна истрага за злосторства од Втората светска војна била сѐ уште возможна после 1998 година. Тие се повикаа на примери од истрагите за злосторствата од времето на нацизмот кои се воделе во Германија, Унгарија, Италија и Полска, некои од кои довеле до успешни кривични постапки и покрај возраста на обвинетите. Понатаму, во 2012 британски суд дозволил граѓанска тужба за надомест на штета против британската Влада во врска со наводни акти на тортура во текот на востанието во Кенија кое се одвивало помеѓу 1952 и 1961 година.
124. Третата страна исто така истакна дека правото на вистина, погледнато од аспект на поединецот, претпоставувало пристап до резултатите од истрагата, како и до архивирани и отворени истражни досиеја. Таквото откривање било суштинско за спречување на повреди, борбата со неказнивоста и за задржување на доверба на јавноста во владеењето на правото (овде тие се повикаа на Kelly и други против Обединетото Кралство, бр. 30054/96, параграф 118, 4 мај 2001 година). Кога станува збор за правото да се знае вистината, класифицирањето на информации во врска со повреди на човекови права било дозволиво само во исклучителни околности со докажување на силен интерес на државата, врз основа на независна судска оцена и за ограничен временски период, под услов да не се достапни помалку рестриктивни алтернативи. Третата страна достави наоди од студија за законите за информации во деведесет и три држави, од која произлегувало дека четириесет и четири од нив изречно наложувале објавување на информациите кога јавниот интерес за нивно откривање бил посилен од било каков интерес на нивно чување во тајност. Објективна реконструкција на вистината за минати настани била суштинска за да им овозможи на народите да научат од нивната историја и да преземат мерки за спречување на идни злосторства (УНХЦР; Ажурирана листа на принципи за заштита и промоција на човековите права преку активности за борба со неказнивоста, резолуција 2005/81, 8 февруари 2005 година, принципи 2 и 3).
(б) Amnesty International
125. НВО Amnesty International истакна дека обврската да се истражат воени злосторства и злосторства против човештвото се однесувала на такви дела извршени пред изготвувањето на текстот и влегувањето во сила на Конвенцијата. Убивањето и мачењето на воени заробеници и цивили биле забранети со обичајното меѓународно право во 1939 година, а државите имале обврска да истражат и кривично да гонат воени злосторства многу порано од 1939 година, без рокови за застареност (тука тие се повикаа на Kononov против Латвија [ГСC], бр. 36376/04, параграфи 186 и 232, ECHR 2010, и на пресудите на Интерамериканскиот суд за човекови права во Velásquez-Rodríguez против Хондурас, 29 јули 1988 година, параграф 174, и Gomes Lund против Бразил, 24 ноември 2010 година, параграф 108). Tретата страна нагласи дека Интерамериканскиот суд постојано наоѓал повреди на обврската тужените државите да гонат и казнат акти кои се случиле пред тие да ја ратификуваат Американската конвенција за човекови права (тука третата страна се повика на пресудата Gomes Lund како и на Almonacid Arellano против Чиле, 26 септември 2006 година, параграф 151). Tретата страна посочи дека протекот на време не ја променувал обврската на државата да спроведе истрага и да обезбеди адекватни, ефикасни правни лекови на жртвите. Правото на жртвите на ефикасен пристап до суд го вклучувало и правото да бидат сослушани и правото на целосна репарација, која се состоела од следните елементи: компензација, рехабилитација, задоволување и гаранции дека нема да има повторување на повредите (во тој дел се повика на заклучоците на Интерамериканскиот суд во Gomes Lund, параграфи 261-262, 277 и 297). На крај, третата страна истакна, повторно повикувајќи се на пресудата Gomes Lund (параграфи 241-242), дека неспроведувањето на ефикасна истрага негативно влијаело врз правото на членовите на семејството на човечко постапување.
(в) Мемориал (Mосква), EHRAC (Лондон) и Transitional Justice Network (Eсекс)
126. Tрите организации истакнаа дека Генералното собрание на ООН, системот на Интерамериканскиот суд за човекови права и меѓународното договорно право содржеле обврска да се истражат и кривично да се гонат воените злосторства, со цел на семејствата на жртвите, поширокото општество и меѓународната заедница да им се даде точно и транспарентно објаснување за повредите на жртвите. Правото на семејствата да ја знаат судбината на нивните исчезнати или починати роднини било независна компонента на должноста за водење истрага која била кодифицирана норма на обичајното меѓународно право (во овој дел тие се повикаа посебно на правило 117 од Обичајно меѓународно хуманитарно право, Том I, Студија на обичајното меѓународно право на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, 2005, и на судската пракса на Интерамериканскиот цуд за човекови права). Тие понатаму дадоа опис на праксата на повеќе држави за основање на комисии за утврдување на вистината или слични истражн тела во одговор на извршувањето на меѓународни кривични дела, вклучувајќи детални информации за мандатите и функциите на таквите комисии.
В. Оцена на Судот
127. Владата истакна претходен приговор во врска со временската надлежност на Судот да одлучува за основаноста на жалбениот навод на жалителите во врска со процедуралниот аспект на член 2 од Конвенцијата. Затоа, Судот мора најпрво да испита дали тој приговор треба да биде усвоен.
1. Општи принципи
128. Судот повторува дека одредбите на Конвенцијата не ја обврзуваат државата договорничка во однос на секој акт или факт кој се случил или ситуација која престанала да постои пред датата на влегување во сила на Конвенцијата за таа земја („критичната дата“). Ова е константен принцип во судската пракса на Судот заснован на општата норма на меѓународното право изразена во член 28 од Виенската конвенција за договорно право од 23 мај 1969 година (види Varnava и други против Турција [ГСC],бр. 16064/90, 16065/90, 16066/90, 16068/90, 16069/90, 16070/90, 16071/90, 16072/90 и 16073/90, параграф 130, ECHR 2009; Šilih против Словенија [ГСC], бр. 71463/01, параграф 140, 9 април 2009 година; и Blečić против Хрватска [ГСC], бр. 59532/00, параграф 70, ECHR 2006‑III).
129. Кога еден акт, пропуштање или одлука за која се тврди дека ја повредила Конвенцијата се случиле пред нејзиното влегување во сила, но постапката за добивање на обештетување за тој акт била иницирана или продолжила после нејзиното влегување во сила, таа постапка не може да се смета за дел од фактите кои се составен дел на наводната повреда и не го доведуваат случајот во временска надлежност на Судот (види Varnava и други, параграф 130, и Blečić, параграфи 77-79, цитирани погоре).
130. Иако е точно дека од критичната дата па натаму сите акти и пропуштања на државата мора да се во согласност со Конвенцијата, Конвенцијата не наметнува конкретна обврска на државите договорнички да обезбедат обештетување за повреди или штета предизвикана пред таа дата (види Kopecký против Словачка [ГСC], бр. 44912/98, параграф 38, ECHR 2004‑I). Затоа, за да се утврди временска надлежност на Судот од суштинска важност е да се утврди во секој конкретен случај, точното време на наводното мешање. При тоа, Судот мора да ги земе предвид и фактите на кои жалителот се жали и опсегот на правото од Конвенцијата за кое има наводи дека било повредено (види Varnava и други, параграф 131, и Blečić, параграфи 72 и 81-82, цитирани погоре).
131. Судот има одлучувано во повеќе случаи во кои фактите кои се однесуваат на материјалниот аспект на член 2 или член 3 се надвор од неговата временска надлежност, додека пак фактите кои се однесуваат на процедуралниот аспект, што значи постапките во врска со тие факти, биле барем делумно во надлежност на Судот (за резиме на судската пракса, види Šilih, параграфи 148-152, цитиран погоре).
132. Судот заклучил дека процедуралната обврска да се спроведе ефикасна истрага согласно член 2 се развила во одделна и автономна должност. Иако таа настанува поради фактите кои се однесуваат на материјалниот аспект на член 2, таа може да се смета за одвоена обврска која произлегува од член 2 и која може да ја обврзе државата дури и кога смртта настанала пред критичната дата (види Varnava и други, параграф 138,и Šilih, параграф 159, цитирани погоре).
133. Сепак, имајќи го во обзир принципот на правна сигурност, временската надлежност на Судот во однос на почитувањето на процедуралната обврска од член 2 во врска на смртта која настанала пред критичната дата не е неограничена (види Šilih, параграф 161, цитиран погоре). Во пресудата во Šilih, Судот ги дефинираше границите на неговата временска надлежност на следниот начин:
„162. Прво, јасно е дека, кога смртта настанала пред критичната дата, само процедурални акти и/или пропуштања кои се случиле после таа дата влегуваат во временската надлежност на Судот.
163. Второ, мора да постои вистинска врска помеѓу смртта и влегувањето во сила на Конвенцијата во однос на тужената држава за процедуралните обврски кои ги наметнува член 2 да имаат дејство.
Тоа значи дека значаен дел од процедуралните мерки наложени со оваа одредба – во кои спаѓаат не само ефикасна истрага за смртта на конкретно лице, туку исто така и поведување на соодветна постапка со цел да се утврди причината за смртта и повикување на одговорност на сторителите – биле или требало да бидат преземени после критичната дата.
Сепак, Судот не би исклучил можност дека во определени околности врската би можела да биде заснована на потребата да се осигура дека гаранциите и темелните вредности на Конвенцијата се заштитени на вистински и ефикасен начин.“
134. Во пресудата во Varnava, Судот ја појасни важната разлика која треба да се прави помеѓу обврската да се истражи сомнителна смрт и обврската да се истражи сомнително исчезнување:
“148. ... Исчезнувањето е посебен феномен, окарактеризиран со континуирана ситуација на неизвесност и немање отчет, во која има недостиг на информации, па дури и намерно криење и замаглување на она што се случило...Ова е ситуација која често се одолговлекува, со што се пролонгира страдањето на блиските на жртвите. Затоа не може да се каже дека исчезнувањето е „моментен“ чин или настан; дополнителниот дистинктивен елемент на последователното немање отчет за локацијата и судбината на исчезнатите лица создава континуирана ситуација. Така, процедуралната обврска потенцијално опстојува сѐ додека не се добијат сознанија за судбината на исчезнатите, континуираното пропуштање да се обезбеди потребната истрага ќе се смета за континуирана повреда...Тоа ќе биде случај дури и кога смртта, на крај биде претпоставена.“
135. Судот понатаму нагласил дека условот за поврзаност помеѓу смртта и истражните мерки со датата на влегување во сила на Конвенцијата во однос на тужената држава – како што беше кажано во пресудата во Šilih – важел само во контекст на убиства или смрт под сомнителни околности, каде централниот фактички елемент, загубата на живот на жртвата, бил познат со сигурност, дури и ако точната причина и крајна одговорност не се познати. Во такви случаи, процедуралната обврска не била од континуиран карактер (види Varnava и други, цитиран погоре, параграф 149).
2. Понова судска пракса
136. После пресудата во Šilih, принципите кои се применуваат за временската надлежност на Судот во однос на „одделивата“ обврска да се истражи смртта на некое лице, која произлегува од член 2 од Конвенцијата, се применети во голем број на случаи.
137. Најголемата група на случаи е составена од жалби поднесени против Романија во врска со наводно неефикасната истрага за смртта на протестанти во текот на романската револуција во декември 1989 година, во кои Судот заклучи дека имал надлежност поради фактот што на денот на влегување во сила на Конвенцијата во однос на Романија, постапката сѐ уште се водела пред обвинителот (види Здружение „21 декември 1989“ и други против Романија, бр. 33810/07 и 18817/08, 24 мај 2011 години; Pastor и Ţiclete против Романија, бр. 30911/06 и 40967/06, 19 април 2011 година; Lăpuşan и други против Романија, бр. 29007/06, 30552/06, 31323/06, 31920/06, 34485/06, 38960/06, 38996/06, 39027/06 и 39067/06, 8 март 2011 година; Şandru и други против Романија, бр. 22465/03, 8 декември 2009 година; и Agache и други против Романија, бр. 2712/02, 20 октомври 2009 година). Слични заклучоци биле донесени во два понови случаи кои се однесуваат на насилните инциденти кои се случиле во јуни 1990 година (види Mocanu и други против Романија, бр. 10865/09, 45886/07 и 32431/08, 13 ноември 2012 година) и во септември 1991 година (види Crăiniceanu и Frumuşanu против Романија, бр. 12442/04, 24 април 2012 година).
138. Со исклучок на случајот Tuna против Турција кој се однесува на смрт во полициски притвор кој настанала околу седум години пред признавањето од страна на Турција на правото на индивидуална жалба (види Tuna против Турција, бр. 22339/03, параграфи 57-63, 19 јануари 2010 година), во други понови случаи конкретната смрт не се тврдело дека била последица на било какви акти на службени лица и му претходела на влегувањето во сила на Конвенцијата од една до четири години, со значителен дел од постапката кој се водел после таа дата (види Kudra против Хрватска, бр. 13904/07, параграфи 110-112, 18 декември 2012 година: четири години, случајна смрт поради небрежност на приватна компанија; Igor Shevchenko против Украина, бр. 22737/04, параграфи 45-48, 12 јануари 2012 година: три години, сообраќајна незгода; Bajić против Хрватска, бр. 41108/10, параграф 62, 13 ноември 2012 година: четири години, лекарска грешка; Dimovi против Бугарија. бр. 52744/07, параграфи 36-45, 6 ноември 2012 година: три години, смрт поради пожар; Velcea и Mazăre против Романија, бр. 64301/01, параграфи 85-88, 1 декември 2009 година: една година, семеен спор; Trufin против Романија, бр. 3990/04, параграфи 32-34, 20 октомври 2009 година: две години, убиство, и Lyubov Efimenko против Украина, бр. 75726/01, параграф 65, 25 ноември 2010 година: четири години, разбојништво и убиство). Во два случаи фактот што блиските на жалителите ги изгубиле своите животи поради акти на бунтовници или паравоени формации, седум и шест години во секој случај соодветно пред критичната дата не го спречувал Судот да одлучува за основаноста на жалбениот навод по процедуралниот аспект на член 2 (види Paçacı и други против Турција, бр. 3064/07, параграф 64-66, 8 ноември 2011 година, и Jularić против Хрватска, бр. 20106/06, параграфи 38 и 45-46, 20 јануари 2011 година). Исто така временскиот период од тринаесет години од смртта на синот на жалителот во тепачка и влегувањето во сила на Конвенцијата во однос на Србија не се сметал дека е порелевантен од важноста на процедуралните мерки кои биле преземени после критичната дата (види Mladenović против Србија, бр. 1099/08, параграфи 38-40, 22 мај 2012 година).
139. Судот исто така има разгледувано повеќе случаи во кои жалителот наводно бил подложен на постапување кое е забрането со член 3 од Конвенцијата во определен момент пред критичната дата. Судот во таквите случаи заклучувал дека имал надлежност да го испита исполнувањето од страна на тужената држава – во периодот после ратификација – на процедуралниот аспект на член 3 кој наложувал државата да спроведе ефикасна истрага за полициската бруталност (види Yatsenko против Украина, бр. 75345/01, параграф 40, 16 февруари 2012 година, и Stanimirović против Србија, бр. 26088/06, параграфи 28-29, 18 октомври 2011 година), силување (види P.M. против Бугарија, бр. 49669/07, параграф 58, 24 јануари 2012 година) и злопотреба направена од страна на приватно лице (види Otašević против Србија, бр. 32198/07, 5 февруари 2013 година).
3. Појаснување на критериумите од пресудата во случајот Šilih
140. И покрај бројот на пресуди кој постојано се зголемува во кои Судот ја има утврдено својата временска надлежност со повикување на критериумите усвоени во Šilih, нивната примена во праксата понекогаш доведува до несигурност, и затоа е пожелно нивно дополнително појаснување.
141. Критериумите опишани во параграф 162 и 163 од пресудата во Šilih (цитирана во параграф 133 погоре) може да се резимираат на следниот начин. Најпрво, кога смртта настанала пред критичната дата, временската надлежност на Судот ќе се однесува само на процедуралните дејствија или пропуштања во периодот после таа дата. Второ, процедуралната обврска ќе има дејство ако имало „вистинска врска“ помеѓу смртта и настанот кој довел до неа и влегувањето во сила на Конвенцијата. Трето, врска која не е „вистинска“ може сепак да биде доволна за дојде до надлежност на Судот ако е потребно да се осигура дека гаранциите и темелните вредности на Конвенцијата се заштитени на вистински и ефикасен начин. Судот ќе го испита секој од тие елементи по ред.
(a) Процедурални дејствија и пропуштања во временскиот период после влегување во сила на Конвенцијата во однос на Русија
142. Судот повторува на почетокот дека процедуралната обврска да се спроведе истрага од член 2 не е процедура за обештетување за наводна повреда на правото на живот која можеби настанала пред критичната дата. Наводната повреда на процедуралната обврска се состои во немање на ефикасна истрага; процедуралната обврска има свој одделен опсег на примена и дејствува независно од материјалниот аспект на член 2 (види Varnava и други, параграф 136, и Šilih, параграф 159, цитирани погоре). Затоа, временската надлежност на Судот се однесува на тие процедурални дејствија и пропуштања кои се случиле или требало да се случат во периодот после влегување во сила на Конвенцијата во однос на тужената Влада.
143. Судот понатаму смета дека споменувањето на „процедурални дејствија“ мора да биде сфатено во смислата која е инхерентна на процедуралната обврска од член 1, или во соодветен случај, член 3 од Конвенцијата, што значи дејствија преземени во рамките на кривична, граѓанска, управна или дисциплинска постапка којашто може да доведе до откривање и казнување на одговорните лица или до доделување на надомест на штета за оштетената страна (види Labita против Италија [ГСC], бр. 26772/95, параграф 131, ECHR 2000‑IV, и McCann и други против Обединетото Кралство, 27 септември 1995 година, параграф 161, Серија A бр. 324). Со оваа дефиниција се исклучуваат други видови на истраги кои можеби биле спроведени со друга намена, како што е утврдувањето на историска вистина.
144. Споменувањето на „пропуштања“ упатува на ситуација во која не била спроведена истрага или биле спроведени само незначајни процедурални мерки, но за која се тврди дека требало да биде спроведена ефикасна истрага. Таква обврска за надлежните органи да преземат истражни мерки може да настане кога ќе се појави прифатлив, веродостоен навод, доказ или информација, а кој е релевантнен за идентификација и на крај гонење или казнување на одговорните (види Gutiérrez Dorado и Dorado Ortiz v. Spain (одлука), бр. 30141/09, параграфи 39-41, 27 март 2012 година; Çakir и други против Кипар (одлука), бр. 7864/06, 29 април 2010 година; и Brecknell против Обединетото Кралство, бр. 32457/04, параграфи 66‑72, 27 ноември 2007 година). Ако нови материјали се појават во периодот после влегување во сила на Конвенцијата и ако тие се доволно сериозни и убедливи да наложуваат започнување на нова постапка, Судот ќе мора да биде убеден дека тужената држава ја исполнила својата процедурална обврска од член 2 на начин кој е во согласност со принципите изразени во неговата судска пракса. Сепак, ако основниот настан е надвор од временската надлежност на Судот, откривањето на нови материјали после критичната дата може да доведе до нова обврска да се спроведе истрага ако е исполнет или критериумот „вистинска врска“ или критериумот „вредности на Конвенцијата“, кои се анализирани подолу.
(б) Критериум „вистинска врска“
145. Првата реченица од параграф 163 во пресудата во Šilih сугерира дека постоењето на „вистинска врска“ помеѓу основниот настан и влегувањето во сила на Конвенцијата во однос на тужената држава е услов sine qua non за процедуралната обврска од член 2 од Конвенцијата да почне да дејствува.
146. Судот смета дека временскиот фактор е првиот клучен индикатор за „вистинскиот“ карактер на врската. Судот воочува, како и претходно во пресудата на Судскиот совет, дека временскиот период помеѓу настанот кој довел до ситуацијата и критичната дата мора да биде релативно краток за да биде исполнет стандардот „вистинска врска“. Иако не постојат јасни правни критериуми со кои може да се дефинира апсолутниот лимит на траењето на тој период, тој не треба да надмине десет години (види, по аналогија, Varnava и други, цитиран погоре, параграф 166, и Er и други против Турција, бр. 23016/04, параграфи 59-60, ECHR 2012 (извадоци)). Дури и ако во исклучителни околности, може да биде оправдано продолжување на тоа временско ограничување поназад кон минатото, тоа треба да биде сторено под услов да бил исполнет критериумот „вредности на Конвенцијата“.
147. Траењето на временскиот период помеѓу настанот генератор на ситуација и критичната дата, сепак, не е само по себе од одлучувачка важност, за утврдување на тоа дали врската била „вистинска“. Како што покажува втората реченица од параграф 163 од пресудата во Šilih, таа врска ќе постои ако голем дел од истрагата за смртта се одвивал или требало да се одвива во периодот после влегувањето во сила на Конвенцијата. Под таа се подразбира водењето на постапка за утврдување на причината за смртта и барањето отчет од оние кои се одговорни, како и преземање на значителен дел од процедуралните мерки кои биле одлучувачки за текот на истрагата. Тоа е последица на принципот дека надлежноста на Судот важи само за процедуралните дејствија и пропуштања кои настанале после влегувањето во сила на Конвенцијата. Сепак, ако главниот дел од постапката или најважните процедурални мерки биле преземени пред влегувањето во сила, тоа може неповратно да ја намали способноста на Судот да направи генерална оцена на ефикасноста на истрагата од гледа точка на процедуралните критериуми на член 2 од Конвенцијата.
148. Со оглед на горенаведеното, Судот заклучува дека, за да постои „вистинска врска“, мора да бидат исполнети и двата критериума: периодот помеѓу смртта како настан кој довел до жалбата и влегувањето во сила на Конвенцијата мора да биде релативно краток, и поголемиот дел од истрагата да бил спроведен, или требало да биде спроведен, после влегувањето во сила.
(в) Критериум „вредности на Конвенцијата“
149. Судот понатаму прифаќа дека може да има вонредни ситуации кои не го исполнуваат стандардот „вистинска врска“ објаснат погоре, но, каде потребата да се осигура вистинска и ефикасна заштита на гаранциите и темелните вредности на Конвенцијата би претставувала доволен основ за да се потврди постоење на врска. Последната реченица од параграф 163 од пресудата во Šilih не исклучува случај кој би бил како исклучок на општото правило на критериумот „вистинска врска“. Во сите случаи опишани погоре Судот прифатил постоење на „вистинска врска“ затоа што времето кои поминало помеѓу смртта и критичната дата било релативно кратко и значителен дел од постапката се водел после критичната дата. Со оглед на тоа, овој случај е првиот случај за кој може да се тврди дека би можел да влезе во оваа друга, исклучителна категорија. Затоа, Судот мора да ги разјасни начините на примена на критериумот „вредности на Конвенцијата“.
150. Како и Судскиот совет, Големиот судски совет смета дека повикувањето на темелните вредности на Конвенцијата значи дека може да се утврди дека потребната врска постои ако основниот настан бил од поголеми размери отколку обично кривично дело и претставувал негација на самите темели на Конвенцијата. Тоа би било случај со тешки кривични дела согласно меѓународното право, како што се воени злосторства, геноцид и злосторства против човештвото, во согласност со нивната дефиниција дадена во релевантните меѓународни инструменти.
151. Ужасниот карактер и тежината на таквите дела ги навеле договорните страни на Конвенцијата за незастарување на воените злосторства и злосторствата против човештвото да се согласат дека тие не смеат да застаруваат и дека за нив не смее да важат било какви законски рокови за застареност од домашниот правен поредок. Судот сепак смета дека клаузулата „вредности на Конвенцијата“ не може да се примени на настани кои се случиле пред усвојувањето на Конвенцијата, на 4 ноември 1950 година, затоа што дури тогаш Конвенцијата почнува да постои како меѓународен договор за човекови права. Затоа, една држава договорничка не може да биде одговорна согласно Конвенцијата за неистражување дури и на најсериозните кривични дела согласно меѓународното право ако тие биле извршени пред усвојување на Конвенцијата. Иако Судот е чувствителен на аргумент дека и денес некои земји успешно им суделе на одоговорните за воени злосторства извршени во текот на Втората светска војна, тој ја нагласува фундаменталната разлика помеѓу имањето на можност за кривично гонење на поединец за тешко кривично дело според меѓународното право кога тоа го дозволуваат околностите, и наметнувањето обврска тоа да се стори согласно Конвенцијата.
4. Примена на наведените принципи во овој случај
152. Враќајќи се на неспорните факти на овој случај, Судот потсетува дека блиските на жалителите биле војници на полската армија кои биле заробени непосредно после советската инвазија на територија на источна Полка во септември 1939 година. Во текот на следните месеци тие биле заробени во логори на НКВД во западниот дел на СССР, во Козелск, Осташков и Старобелск.
153. На 5 март 1940 година, по предлог на раководителот на НКВД, членовите на Политбирото на Централниот комитет на Комунистичката партија на СССР ја одобриле вонсудската егзекуција на полските воени заробеници, која требало да се спроведе од офицери на НКВД. Заробениците биле стрелани и закопани во масовни гробници во повеќе наврати во април и мај 1940 година. Листите на воени заробеници кои требало да се стрелаат биле подготвени врз основа на „листи за распределба“ на НКВД, на кои помеѓу останатите се споменати имињата на членови на семејствата на жалителите.
154. Tројца од членовите на семејствата на жалителите биле идентификувани во текот на ексхумацијата во 1943 година; останките на другите не биле откриени или идентификувани. Судот повторува дека во многу наврати има носено заклучоци за фактите дека исчезнато лице може да се претпостави дека е починато. Генерално, вакви заклучоци Судот носел во одговор на наводи на тужената Влада дека лицето е сѐ уште живо или дека не било докажано дека починало додека било под власт на службени лица. Оваа претпоставка на смрт не е автоматска и се користи само со анализа на околностите на случајот, во кои релевантен елемент е времето поминато од моментот кога лицето било последен пат видено живо или кога имало последен контакт со него (види Aslakhanova и други против Русија, бр. 2944/06, 8300/07, 50184/07, 332/08 и 42509/10, параграф 100, 18 декември 2012 година; Varnava и други, цитиран погоре, параграф 143; и Vagapova и Zubirayev против Русија, бр. 21080/05, параграфи 85-86, 26 февруари 2009 година). Судот има применувано претпоставка на смрт во отсуство на веродостојни вести за исчезнатите лица во временски период од четири години и шест месеци (види Imakayeva против Русија, бр. 7615/02, параграф 155, ECHR 2006‑XIII (извадоци)) до над десет години (види Aslakhanova и други, цитирани погоре, параграфи 103-115).
155. Не е спорно дека „листите за распределба“ на НКВД обезбедуваат писмени докази за тоа дека на крајот на 1939 и почетокот на 1940 година членовите на семејствата на жалителите биле заробени на советска територија и под целосна и исклучива контрола на советските власти. Одлуката на Политбирото од 5 март 1940 година стипулирала дека сите полски воени заробеници кои се во логори на НКВД, без исклучок, требало да бидат подложени на вонсудска егзекуција, којашто била извршена од страна на советската тајна полиција во следните месеци. Уште во 1943 година, биле откриени масовни гробници на заробеници со полски униформи во Катинската шума, откако Германците ја презеле таа територија. Белешка напишана во 1959 година од страна на раководителот на КГБ, наследник на НКВД, потврдувала дека повеќе од дваесет и една илјада полски заробеници биле стрелани од офицери на НКВД. Семејствата престанале да добиваат писма од заробениците во 1940 година и оттогаш не добиле никави новости од нив, што значи повеќе од седумдесет години.
156. Со оглед на овие фактички елементи, Судот заклучува дека членовите на семејствата на жалителите кои биле заробени во 1939 година мора да се претпостави дека биле егезкутирани од советските власти во 1940 година.
157. Руската Федерација ја ратификува Конвенцијата на 5 мај 1998 година, што значи, педесет и осум години после стрелањето на блиските на жалителите. Големиот судски совет се согласува со заклучокот на Судскиот совет дека временскиот период од смртта до критичната дата не е само многу подолг од временските периоди кои довеле до дејствување на процедуралната обврска од член 2 во сите претходни случаи, туку исто така премногу долг и во апсолутна смисла за да биде утврдена вистинска врска помеѓу смртта на блиските на жалителите и влегувањето во сила на Конвенцијата во однос на Русија.
158. Истрагата за потеклото на масовните гробници започнала во 1990 година и било формално запрена во септември 2004 година. Иако руската Влада тврдеше дека првичната одлука за отворање на постапката била незаконита, таа постапка, барем теоретски, можела да доведе до идентификација и казнување на одговорните. Затоа, таа влегува во опсегот на „процедурални дејствија и пропуштања“ во смисла на член 2 од Конвенцијата.
159. Во раните деведесетти години од минатиот век значителен број на процедурални мерки биле преземени од советските и потоа и од руските органи. Биле откопани лешеви од масовните гробници во Харков, Медноје и Катин во 1991 година и истражителите побарале форензички анализи и закажале сослушување на потенцијални сведоци на убиствата. Имало официјални посети и биле одржани координативни состаноци помеѓу руските, полските, украинските и белоруските власти. Сепак, сите овие мерки се случиле пред критичната дата. Што се однесува на периодот после ратификација, не е возможно, врз основа на информациите кои се достапни во списите и поднесоците на странките, да се утврдат било какви вистински истражни мерки после 5 мај 1998 година. Судот не може да прифати дека повторно оценување на доказите, отстапување од претходни заклучоци или одлука во врска со класифицирање на истражни документи може да се каже дека претставуваат “значителен дел од процедуралните мерки“ што е потребно за да се утврди „вистинска врска“ во смисла на член 2 од Конвенцијата. Исто така не се појавил релевантен доказ или значајни информации после критичната дата. Со оглед на тоа, Судот заклучува дека ниту еден од критериумите кои дозволуваат да се утврди постоење на „вистинска врска“ не е исполнет.
160. На крај, останува да се утврди дали имало исклучителни околности во овој случај кои би можеле да оправдаат отстапување од критериумот „вистинска врска“ со примена на стандардот „вредности на Конвенцијата“. Како што Судот утврди, настаните кои би можеле да доведат до обврска за спроведување истрага согласно член 2 се случиле на почетокот на 1940 година, што значи, повеќе од десет години пред да биде усвоена Конвенцијата. Судот затоа го потврдува заклучокот на Судскиот совет дека нема елементи кои може да го поврзат далечното минато со поновиот период после ратификација.
161. Со оглед на горните согледувања, Судот го усвојува приговорот на Владата ratione temporis и заклучува дека нема надлежност да го испита жалбениот навод по член 2 од Конвенцијата.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
162. Жалителите се жалеа дека прологираното негирање на историски факт и недавањето на информации за судбината на нивните блиски, заедно со давањето индиферентни и контрадикторни одговори од страна на руските органи на нивните барања за информации, претставувало нечовечко или понижувачко постапување спротивно на член 3 од Конвенцијата, кој гласи:
„Никој нема да биде подложен на тортура или нечовечко или понижувачко постапување или казнување.“
A. Пресуда на Судскиот совет
163. Судскиот совет направил разлика помеѓу две групи на жалители врз основа на блискоста на семејните врски кои нив ги врзуваат со жртвите од Катинскиот масакр. Советот прифатил дека имало „силна семејна врска“ во случајот на вдовица и деветте деца кои биле родени во 1940 година, и дека таа група можела да тврди дека е жртва на наводната повреда на член 3. Од друга страна, психичката болка на останатите петмина жалители, кои биле родени во 1940 година или покасно или кои биле подалечни роднини на жртвите од Катин, не било таква да може да влезе во досегот на член 3 од Конвенцијата.
164. Судскиот совет потоа ја анализирал ситуацијата на првата група жалители во различни временски периоди. Во текот на Втората светска војна тие „биле во состојба на неизвесност за судбината“ на нивните сакани, после војната тие „сѐ уште можеле да имаат надеж дека барем некои од полските воени заробеници преживеале, или во подалечните советски логори или со бегство и криење“. Додека постоела социјалистичка Полска контролирана од СССР, на жалителите „не им било дозволено, од политички причини, да ја дознаат вистината за она што се случило и биле принудени да го прифатат извртувањето на историскиот факт од страна на советските и полските комунистички власти“. Дури и после јавната потврда за Катинскиот масакр од страна на советските и полските власти, жалителите мора да „претрпеле фрустрации поради очигледното отсуство на прогрес во истрагата“.
165. Во периодот после влегување во сила на Конвенцијата на жалителите не им бил даден пристап до документите од истрагата или биле исклучени од постапката поради нивното странско државјанство. Судскиот совет бил особено вчудовиден „од очигледната неподготвеност на руските органи да ја признаат реалноста на Катинскиот масакр“. Иако потврдиле дека блиските на жалителите биле заробени во логорите на НКВД, руските воени судови постојано избегнувале секакво споменување на нивната егзекуција, повикувајќи се на недоволно докази за тоа од истрагата за Катин. Судскиот совет го оквалификувал овој пристапк како „бесчувствително занемарување за грижите на жалителите и намерно замаглување на околностите на Катинскиот масакр“. Што се однесува на постапката за рехабилитација, Судскиот совет сметал дека „негирањето на реалноста на масовното убиство зајакнато со имплицитната претпоставка дека полските заробеници можеби биле обвинети за кривично дело и биле соодветно казнети со смртна казна покажува[ло] однос кон жалителите кој што не е само за критикување, туку исто така и нечовечен “.
166. Судскиот совет потврдил дека временскиот период кој поминал откако жалителите биле разделени од нивните блиски бил значително подолг во овој случај отколку во други случаи, и дека жалителите повеќе не биле во агонијата на незнеање дали членовите на нивните семејства биле мртви или живи. Сепак, повикувајќи се на јуриспруденцијата на Комитетот за човекови права на Организацијата на Обединетите нации во однос на член 7 од МПГПП кој што одговара на член 3 од Конвенцијата, Судскиот совет заклучил дека обврската на надлежните органи од член 3 не можела да се сведе само на потврдување на фактот на смртта, туку исто така наложувала тие да дадат објаснување за околностите на смртта и локацијата на гробот. Во овој случај руските органи на жалителите не им дале никакви официјални информации за околностите на смртта на нивните блиски ниту пак направиле вистински обиди да утврдат каде се тие закопани. Судскиот совет утврдил повреда на член 3.
Б. Аргументи на странките
1. Руската Влада
167. Владата истакна на почетокот дека, за да дојде до прашање по член 3 во однос на блиските на лица кои се убиени или исчезнати, мора да се покаже дека постојат два елемента: (1) жалителите мора да поминале низ период на неизвесност за судбината на нивните блиски; и (2) постапките на органите мора да го отежнале нивното страдање во текот на тој период (тука Владата се повика на Luluyev и други против Русија, бр. 69480/01, параграфи 114-115, ECHR 2006‑XIII (извадоци)).
168. Во однос на првиот елемент, состојбата на неизвесност, Владата забележа дека, иако судбината на блиските на жалителите не можела да се утврди со сигурност која е потребна во кривична или постапка за „рехабилитација“, не било разумно да се очекува дека тие се сѐ уште живи до 5 мај 1998 година, со оглед на тоа кога биле родени и на отуството на вести од нив уште од Втората светска војна. Во отсуство на првиот елемент, руската Влада сметаше дека не можело да дојде до посебно прашање по член 3, надвор од прашањата кои се веќе разгледани по член 2 (тука Владата се повика на Esmukhambetov и други против Русија, бр. 23445/03, параграф 189, 29 март 2011 година; Velkhiyev и други против Русија, бр. 34085/06, параграф 137, 5 јули 2011 година; Sambiyev и Pokayeva против Русија, бр. 38693/04, параграфи 74-75, 22 јануари 2009 година; и Tangiyeva против Русија, бр. 57935/00, параграф 104, 29 ноември 2007 година).
169. Владата понатаму го воочи отсуството на „специјални фактори“ кои на страдањата на жалителите би им дале „димензија и карактер кој е одделен од емоционалната болка којашто може да се смета дека неизбежно им е нанесена на блиските на жртвите на тешки повреди на човековите права“ (овде Владата ги цитираше случаите Gongadze против Украина, бр. 34056/02, параграф 184, ECHR 2005‑XI, и Orhan против Турција, бр. 25656/94, параграфи 357-358, 18 јуни 2002 година). Што се однесува на првиот „специјален фактор“, „блискоста на семејните врски“, петмина од жалителите биле родени после апсењето на нивните блиски и Судскиот совет не утврдил повреда на член 3 во однос на тие жалители. Вториот „специјален фактор“, „обемот во кој членот на семејството сведочел на настаните за кои станува збор“ не бил исполнет, затоа што никој од нив не ги видел настаните кои довеле до смртта на нивните блиски. Третиот критериум, „инволвираност на членовите на семејствата во обидите да се добијат информации за исчезнатото лице“ не бил исполнет, затоа што жалителите не биле вклучени во истрагата за Катин и не поднеле барања, ниту сведочеле. Иако постапката била многу следена од руските и полските медиуми повеќе од четиринаесет години, дури после запирањето на истрагата двајца жалители побарале да им биде даден формален процедурален статус (тука Владата се повика на спротивен случај, Musikhanova и други против Русија, бр. 27243/03, параграфи 81-82, 4 декември 2008 година).
170. Што се однесува на одговорот на руските власти на прашањата на жалителите, што било четвртиот „специјален фактор“, Владата тврдеше, прво, дека наводното влијание на нивната активност или неактивност мора да било значително ослабнато поради периодот од педесет и осум години кој ги делел „настаните во Катин“ од датата на ратификација на Конвенцијата од страна на Русија и исто така поради фактот дека жалителите повеќе не биле во состојба на неизвесност за судбината на нивните блиски. Владата тврдеше дека постапките на домашните органи биле оправдани, посочувајќи најпрво дека „рехабилитацијата“ на полските заробеници не била возможна во отсуство на информации за обвиненијата против нив. Второ, органите немале законска обврска да ги најдат жалителите или да им признаат статус на жртви, затоа што немало доволно докази за да се утврди причинско-последична врска помеѓу „настаните во Катин“ и смртта на блиските на жалителите согласно стандардот на докажување кој е потребен во кривична постапка. Трето, дописите на обвинителите упатени до жалителите содржеле „неточни заклучоци“ и „неусогласеностите“ на крај биле појаснати од руските судови, кои направиле правилна оцена на документите, со учество на претставници на жалителите.
171. Владата не се согласи со заклучокот на Судскиот совет дека руските судови ја негирале реалноста на Катинскиот масакр, според Владата, судовите „само посочиле кон немањето на доволни докази за да се утврдат околностите на смртта на блиските на жалителите“ согласно стандардот на докажување кој се применува во кривична постапка. Владата исто така негираше дека домашните органи имале обврска да дадат објаснување за судбината на исчезнатите лица и да открие каде се закопани, затоа што блиските на жалителите не биле „исчезнати лица“ и затоа што не произлегувала таква обврска од домашното право, меѓународното хуманитарно право или Конвенцијата. На крај, Владата тврдеше дека таа немала намера да извртува историски факти или да ги подложи жалителите на било каков вид на понижувачко постапување.
2. Жалителите
172. Жалителите се согласија дека позицијата изразена во пресудата на Судскиот совет според која обврската од член 3 била одделна од обврската која произлегува од член 2 во тоа што втората одредба наложувала државата да преземе конкретни правни мерки, додека пак првата одредба била од поопшт хуманитарен карактер. Тие останаа на ставот дека Судот треба да биде во положба да ги разгледа фактите пред влегувањето во сила на Конвенцијата во оној обем во кој се тие релевантни за фактите после таа дата (тие се повикаа на Broniowski против Полска (одлука) [ГСC], бр. 31443/96, параграф 74, ECHR 2002‑X, и Hokkanen против Финска, 23 септември 1994 година, параграф 53, Серија A бр. 299‑A). Покрај тоа, Судот требало да биде надлежен да го оценува почитувањето од страна на органите, на обврските од член 3 дури и кога лишувањето од живот не било во негова временска надлежност (во овој дел тие направија паралела со одлуката на Комитетот за човекови права на ООН од 28 март 2006 година во случајот Mariam Sankara и други против Буркина Фасо).
173. Жалителите не се согласија со одлуката на Судскиот совет со која тие се поделени на две одделни групи врз основа на блискоста на семејните врски. Тие истакнаа дека ситуцијата во поствоена социјалистичка Полска и настаните после советското признавање на Катинскиот масакр влијаеле врз сите жалителите подеднакво. Тие тврдеа, спротивно на пристапот на Судскиот совет, дека оние кои не се сеќавале на нивните татковци или кои немале можност да имаат личен контакт со нив биле почувствителни на трагичната судбина на нивните родители. Понатаму, жалителите од втората група – за кои била утврдена повреда на член 3 – биле активно вклучени во низа на правни мерки како и други активности поврзани со комеморацијата на нивните блиски: г-ѓа Волк-Језјерска напишала повеќе книги за Катинскиот масакр, г-ѓа Кжишковјак основала издавачка куќа која објавува материјали поврзани со Катин; г-ѓа Родович имала изработено повеќе уметнички дела посветени на Катинскиот масакр и г-н Романовски, најмладиот жалител, ја „наследил“ од својата мајка задачата на оддавање почест на споменот на неговоиот вујко кој бил убиен. Повикувајќи се на судската пракса на Интерамериканскиот суд за човекови права, жалителите истакнаа дека сите тие биле жртви на повредите на кои се жалеле по член 3, или како возрасни директни роднини на убиените лица, или како индиректни роднини кои покажале нивна континуирана лична инволвираност преку повеќе постапки поврзани со судбината на убиените членови на нивните семејства.
174. Што се однесува на третманот на нивните барања од страна на руските органи, жалителите посочија дека во претходни случаи пред Судот понекогаш се случувало од „исчезнатите лица“ да станат „починати лица“ откако ќе биле најдени нивните тела. Во случајот Катин, редоследот бил обратен: оние кои биле „починати“ станале „исчезнати“ во очите на руските органи. Таа промена претставувала очигледно негирање на историски факти и им нанесла тешка болка, страдање и стрес на жалителите. Тоа било исто со информирање на група на роднини на жртви од Холокаустот дека жртвите мора да се сметаат за исчезнати затоа што нивната судбина не можела да се поврзе со концентрационите логори затоа што документите биле уништени од нацистичките власти. Понатаму, во делот во кој воените обвинители трврделе дека не можеле да утврдат „која одредба од Кривичниот законик била правен основ за обвиниенија против полските воени заробеници“, тоа во суштина било навод дека жртвите можеби биле криминалци кои биле соодветно осудени на смртна казна. Понатаму, во постапката за рехабилитација пред Судот во Москва, обвинителот тврдел дека постоеле „соодветни причини“ за казнувањето, затоа што некои полски војници биле „шпиони, терористи и саботери“ и затоа што полската армија пред војната „била обучена да се бори против Советскиот Сојуз“. Жалителите нагласија дека нивното психичко страдање не можело да се класификува како страдање кое е неделиво врзано со самите стрелања, туку дека тоа било предизвикано од начинот на кој со нив постапувале руските органи.
3. Полската Влада
175. Полската Влада остана на ставот дека руските органи ги подложиле жалителите на нечовечко и понижувачко постапување. Таа посочи дека лицата кои биле заробени, држени во логори и на крај убиени од советските органи биле најблиски сродници на жалителите. Во текот на многу години, од политички причини, советските органи не давале пристап до било какви официјални информации за судбината на лицата заробни кон крајот на 1939 година. Откако била отворена истрага во 1990 година, жалителите неуспешно се обиделе да добијат пристап до истражните документи со цел да добијат правна рехабилитација на нивните блиски. Немањето на пристап и контрадикторните информации кои жалителите ги добиле, создале во нив чувство на неизвесност и стрес и ги направиле целосно зависни од постапките на руските органи насочени кон нивно понижување. Тоа претставувало постапување со кое се крши член 3 од Конвенцијата.
4. Аргументи на третите страни
176. Public International Law & Policy Group достави преглед на судската пракса на Судот во врска со карактерот и јачината на семејните врски кои се потребни за жалител член на семејството да се смета за жртва на повреди на член 3. Според нив, судската пракса покажувала дека Судот се повеќе ги анализирал постапките на членовите на семејствата и улогата на државата откако биле поднесени барања за информации. Третата страна понатаму истакна дека пристапот кон признавањето статус на жртва заснован на инволвираност на членот на семејството во обидите да се дојде до информации за исчезнатото лице, и начинот на кој органите одговориле на тие обиди, бил во согласност со стандардите применети од другите меѓународни судски институции, вклучително и Интерамериканскиот суд за човекови права (тука тие ги цитираа случаите Garrido и Baigorria против Аргентина, пресуда од 27 август 1998 година, и Blake против Гватемала, пресуда од 24 јануари 1998 година) и случајот со Вонредните совети на Трибуналите во Камбоџа.
В. Оцена на Судот
1. Општи принципи
177. Судот во својата судска пракса секогаш бил чувствителен на длабокиот психолошки ефект кој тешките повреди на човековите права го имаат врз членовите на семејството на жртвата кои се жалители пред Судот. Сепак, за Судот да утврди посебна повреда на член 3 од Конвенцијата во однос на роднините на жртвата, мора да постојат специјални фактори кои на нивното страдање му даваат димензија и карактер различен од емоционалната болка која неизбежно е предизвикана од самата претходноспомената повреда. Во релевантните фактори спаѓаат блискоста на семејната врска, конкретните околности на односот, обемот во кој членот на семејството сведочел на конкретните настани и инволвираноста на жалителите во обидите да се добијат информации за судбината на нивните роднини.
178. Во врска со тоа, Судот повторува дека член на семејството на „исчезнато лице“ може да тврди дека е жртва на постапување спротивно на член 3 во случаи во кои од исчезнувањето има долг период на неизвесност до наоѓањето на телото на исчезнатото лице. Суштината на прашањето по член 3 од овој вид на случај не е толку во тешката повреда на човековите права на исчезнатото лице, туку во покажаната индифирентност и однос на органите во однос на ситуацијата којашто им е ставена до знаење. Утврдувањето на повреда по овој основ не е ограничено на случаи во кои тужената држава ќе се земе за одговорна за исчезнувањето. Повредата може да биде и резултат на недавање одговор од страна на органите на барањата за информации поднесени од роднините или од нивното соочување со пречки при тоа барање, препуштајќи им да го носат товарот на напорите за откривање на било каков факт, кога таквиот однос може да се смета дека покажува флагрантно, континуирано и бесчувствително непочитување на обврската да се даде отчет за судбината на исчезнатото лице (види, посебно, Açış против Турција, бр. 7050/05, параграфи 36 и 51‑54, 1 февруари 2011 година; Varnava и други, цитиран погоре, параграф 200; Osmanoğlu против Турција, бр. 48804/99, параграф 96, 24 јануари 2008 година; Luluyev и други против Русија, бр. 69480/01, параграф 114, ECHR 2006‑XIII (извадоци); Bazorkina против Русија, бр. 69481/01, параграф 139, 27 јули 2006 година; Gongadze против Украина, бр. 34056/02, параграф 184, ECHR 2005‑XI; Taniş и други против Турција, бр. 65899/01, параграф 219, ECHR 2005–VIII; Orhan против Турција, бр. 25656/94, параграф 358, 18 јуни 2002 година; и Çakıcı против Турција [ГСC], бр. 23657/94, параграф 98, ECHR 1999‑IV).
179. Судот има усвоено рестриктивен пристап во ситуации во кои лицето било лишено од слобода, но било покасно најдено мртво после релативно кус период на неизвесност за неговата судбина (види Tanlı против Турција, бр. 26129/95, параграф 159, ECHR 2001-III, и Bitiyeva против Русија, бр. 36156/04, параграф 106, 23 април 2009 година). Во низа на чеченски предмети во кои жалителите не биле сведоци на убивањето на нивните блиски, но дознале за нивната смрт дури при откривањето на нивните тела, Судот сметал дека не е потребно утврдување на посебна повреда на член 3, со оглед на тоа дека веќе утврдил повреда и на материјалниот и на процедуралниот аспект на член 2 (види Velkhiyev и други против Русија, бр. 34085/06, параграф 137, 5 јули 2011 година; Sambiyev и Pokayeva против Русија, бр. 38693/04, параграфи 74‑75, 22 јануари 2009 година; и Tangiyeva против Русија, бр. 57935/00, параграф 104, 29 ноември 2007 година).
180. Понатаму, во случаи во врска со лица кои биле убиени од властите спротивно на член 2, Судот одлучувал дека примената на член 3 обично не се проширува врз роднините поради моменталниот карактер на инцидентот кој ја предизвикал конкретната смрт (види Damayev против Русија, бр. 36150/04, параграф 97, 29 мај 2012 година; Yasin Ateş против Турција, бр. 30949/96, параграф 135, 31 мај 2005 година; Udayeva и Yusupova против Русија, бр. 36542/05, параграф 82, 21 декември 2010 година; Khashuyeva против Русија, бр. 25553/07, параграф 154, 19 јули 2011 година; и Inderbiyeva против Русија, бр. 56765/08, параграф 110, 27 март 2012 година).
181. Сепак, Судот сметал дека утврдувањето на посебна повреда на член 3 дека е оправдано во ситуации на потврдена смрт кога жалителите биле директни сведоци на страдањето на членовите на нивните семејства (види Salakhov и Islyamova против Украина, бр. 28005/08, параграф 204, 14 март 2013 година, каде жалителката била сведок на бавната смрт на нејзиниот син кој бил лишен од слобода, без да може да му помогне; Esmukhambetov и други против Русија, бр. 23445/03, параграф 190, 29 март 2011 година, каде била најдена повреда на член 3 во однос на жалителот кој сведочел на убивањето на целото негово семејство, но не била најдена повреда во однос на жалителите кои дознале покасно за убивањето; Khadzhialiyev и други против Русија, бр. 3013/04, параграф 121, 6 ноември 2008 година, каде жалителите не можеле да ги погребаат телата на нивните деца кои биле исечени на делови и и обезглавени; Musayev и други против Русија, бр. 57941/00, 58699/00 и 60403/00, параграф 169, 26 јули 2007 година, каде жалителот бил сведок на вонсудската егзекуција на неколку од неговите роднини и соседи; и Akkum и други против Турција, бр. 21894/93, параграфи 258-259, ECHR 2005‑II (извадоци), каде на жалителот му било покажано искасапеното тело на неговиот син).
2. Примена на наведените принципи во дадениот случај
182. Судот воочува дека ситуацијата којашто е во суштината на жалбениот навод по член 3 на почетокот имала обележја на случај на „исчезнување“. Членовите на семејствата на жалителите биле заробени од советските окупаторски сили и биле држени во советски логори. Постојат докази дека преписката помеѓу полските воени заробеници и нивните семејства продолжила до пролетта 1940 година, така што семејствата мора да биле свесни дека нивните роднини се живи. Откако писмата престанале да стигнуваат во Полска, роднините останале долги години во состојба на неизвесност за судбината која ги снашла заробениците.
183. Во 1943 година, после откривањето на масовните гробници во близина на Катинската шума, била спроведена делумна ексхумација и идентификација на останките. Сепак, само тројца од роднините на жалителите – г-н Волк, г-н Родович и г-н Мјелецки – биле тогаш идентификувани. Советските власти негирале дека тие ги убиле полските воени заробеници и, без пристап до документи на Политбирото или НКВД, не било можно да се утврди судбината на тие заробеници чии тела не биле идентификувани. Не биле направени други обиди за идентификација на жртвите од Катинскиот масакр во текот на Студената војна, затоа што советската верзија дека убиствата извршени од нацистите била наметната како официјална во Народната Република Полска во текот на целото траење на социјалистичкиот режим, што значи, до 1989 година.
184. Во 1990 година СССР официјално ја потврдил одговорноста на советското раководство за убивањето на полските воени заробеници. Во текот на наредните години, документите во врска со масакрот кои не биле уништени биле објавени и истражителите спровеле нови делумни ексхумации на неколку гробници. Биле одржани рунди на разговори помеѓу полските, руските, украинските и белоруските обвинители.
185. До моментот кога Конвенцијата била ратификувана од Руската Федерација на 5 мај 1998 година, поминале повеќе од педесет и осум години од егзекуцијата на полските воени заробеници. Со оглед на долгиот временски период кој поминал, документите кои се појавиле во меѓувреме и напорите преземени од повеќе страни за разјаснување на околностите на Катинскиот масакр, Судот заклучува дека, што се однесува на периодот после критичната дата, не може да се каже дека жалителите биле во состојба на неизвесност во однос на судбината на нивните блиски кои биле заробени од советската армија во 1939 година. Затоа следува дека она што на почетокот можело да биде случај на „исчезнување“ мора да се смета за случај на „потврдена смрт“. Жалителите се согласија со таа оцена во овој случај (види, посебно, параграф 116 погоре како и параграф 119 oд пресудата на Судскиот совет). Овој заклучок не е променет со изјавите на руските судови во повеќе домашни постапки кои се чини дека се воздржувале од изречно потврдување на фактот дека блиските на жалителите биле убиени во советските логори.
186. Судот не се сомнева во длабоката тага и болка која жалителите ја преживеале како последица на вонсудската егзекуција на членовите на нивните семејства. Сепак, Судот повторува дека во интерес на правната сигурност, предвидливост и еднаквост пред законот, тој не треба да отстапи од своите претходни одлуки без да има убедлива причина за тоа (види Sabri Güneş против Турција [ГСC], бр. 27396/06, параграф 50, 29 јуни 2012 година). Судската пракса на Судот, опишана погоре, прифаќа дека страдањето на членовите на семејството на „исчезнато лице“ кои мора да поминат низ долг период во кој се изменуваат надежта и очајот може да оправда утврдување на посебна повреда на член 3 поради особено бесчувствителниот однос на домашните органи кон нивната потрага за информации. Што се однесува на овој случај, надлежноста на Судот важи само за периодот кој почнува од 5 мај 1998 година, дата на влегување во сила на Конвенцијата во однос на Русија. Судот погоре одлучи дека од таа дата па натаму, немало повеќе состојба на неизвесност за судбината на полските заробеници. Иако не биле најдени сите тела, нивната смрт била јавно потврдена од советските и руските органи и станала утврден историски факт. Големите размери на злосторството извршено во 1940 година од советските органи е силен емоционален фактор, сепак, од чисто правна гледна точка, Судот не може тоа да го прифати како убедлива причина за да отстапи од својата судска пракса за статусот на членовите на семејствата на „исчезнати лица“ како жртви на повреда на член 3 и да им даде таков статус а жалителите, за кои смртта на нивните блиски е сигурен факт.
187. Судот понатаму не наоѓа други специјални околности кои би можеле да го наведат да утврди посебна повреда на член 3 во случаи на „потврдена смрт“ (види ја судската пракса цитирана во параграф 181 погоре).
188. Во такви околности, Судот смета дека не може да се заклучи дека страдањето на жалителите достигнало димензија и карактер кој е одвоен од емоционалната болка која може да се смета дека неизбежно им се нанесува на блиските на жртви на тешки повреди на човекови права.
189. Затоа, Судот не наоѓа повреда на член 3 од Конвенцијата.
IV. ПОЧИТУВАЊЕ НА ЧЛЕН 38 ОД КОНВЕНЦИЈАТА ОД СТРАНА НА ТУЖЕНАТА ВЛАДА
190. Судот повеќе пати побара од тужената Влада да достави копија од одлуката од 21 септември 2004 година со која истрагата за Катинскиот масакр била запрена (види параграф 45 погоре). Cоочен со одбивање на тужената Влада да го достави бараниот документ, Судот побара од странките да коментираат по прашањето за исполнување од страна на тужената Влада на нејзината обврска да ги достави сите потребни материјали за анализа на Судот, којашто произлегува од член 38 од Конвенцијата. Таа одредба гласи:
„Судот ќе го разгледа случајот заедно со претставниците на страните и, доколку е потребно, ќе покрене истрага, за чие ефективно спроведување засегнатите Високи страни договорнички ќе ги обезбедат сите неопходни услови“
A. Пресуда на Судскиот совет
191. Судскиот совет повтори дека „само Судот може[л] да одлучи ...каков вид на докази треба странките да достават за соодветно испитување на случајот“ и дека „странките биле обврзани да ги почитуваат неговите барања за доставување докази и неговите инструкции’. Судскиот совет понатаму го воочил отсуството на задоволително објаснување од страна на тужената Влада за карактерот на безбедносните анализи кои довеле до одлуката да се класифицира бараниот документ. Советот забележал дека бараниот документ „се однесувал на историски настан, во кој повеќето учесници веќе биле починати, и дека не можел да влијае врз моментални операции и акции на полициско следење“. Погенерално, Судскиот совет забележал дека јавна и транспарентна истрага за злосторствата на претходниот тоталитарен режим тешко би можела да ги загрози интересите на националната безбедност на модерната демократска Руска Федерација, особено имајќи предвид дека одговорноста на советските власти за тоа злосторство била потврдена од највисоките политички нивоа.
Б. Аргументи на странките
1. Руската Влада
192. Владата најпрво истакна дека класифицирањето на триесет и шест тома од списите на предметот и одлуката од 21 септември 2004 година како документи кои се „државна тајна“ било законито затоа што тие содржеле информации од областа на разузнавачки, контраразнувачки акции и оперативни и истражни акции и затоа што класифицирањето било „проверено и потврдено“ од Сојузната служба за безбедност и Меѓуресорната комисија за заштита на државни тајни, како и со подоцнежните одлуки на Судот на град Москва и Врховниот суд по барање на НВО Мемориал. Таа тврдеше дека рускиот закон не содржел апсолутна забрана за давање на чувствителни информации на меѓународни организации и дека одлуката од 21 септември 2004 година не му била доставена на Судот само затоа што „надлежните домашни органи не донесле заклучок“ дека тоа ќе биде возможно.
193. Владата тврдеше дека член 38 од Конвенцијата не може да се толкува на начин да се бара од државите договорнички да откријат информации кои е веројатно дека ќе ја загрозат нивната безбедност. Таа го повика Судот да ги анализира законите на другите држави членки „кои било многу веројатно дека предвидуваат слични норми“. Владата се повика на одредбите од Европската конвенција за меѓусебна правна помош во кривична материја и Договорот помеѓу Руската Федерација и Република Полска за правна помош и правни врски во граѓански и кривични предмети, кои им дозволувале на државите договорнички да одбијат да постапат по барање ако било веројатно дека во спротивно би се загрозил суверенитетот, безбедноста, јавниот ред или други суштински интереси на земјата (тука таа исто се повика на Liu против Русија (бр. 2), бр. 29157/09, параграф 85, 26 јули 2011 година, и Chahal против Обединетото Кралство, 15 ноември 1996 година, параграф 138, Збирки на пресуди и одлуки 1996‑V). Владата нагласи дека правило 33 од Правилата на Судот не предвидувало никаква санкција за недозволено откривање на доверливи информации кои му биле доверени на Судот.
194. Владата тврдеше дека таа доставила информации за содржината на одлуката од 21 септември 2004 година кои требало да се земат за доволни за нивната обврска од член 38 да биде исполнета. Така, Владата посочила кој орган ја класифицирал таа одлука, кои биле безбедносните анализи, кои биле причините за запирање на постапката и која била правната квалификација на наводните кривични дела. Во конкретната одлука не се споменувале жалителите, ниту пак содржела какви било информации за судбината на нивните блиски или за местото на кои биле закопани.
195. На крај, Владата не се согласи со она што го опиша како „чудна логика“ на пресудата на Судскиот совет. Според неа, член 38 требало да биде анализиран на крајот на пресудата, како што било направено во претходни случаи. Таа нагласи дека обврската од член 38 била „од чисто процедурален карактер“, и дека нејзина наводна повреда “не можела да предизвика страдање на жалителите“ или „да биде поголема од тежината на наводните повреди на член 2 и член 3“. Владата не се согласи дека обврската од член 38 морала да биде извршена во сите околности, според неа, таа по својот карактер била супсидијарна и зависела од постоењето на допуштени жалбени наводи по други одредби на Конвенцијата. Во дадениот случај, немало поента да се анализира почитувањето на член 38 од страна на Владата, затоа што Судот требало да одлучи дека нема надлежност мериторно да одлучува по жалбениот навод по член 2 од Конвенцијата.
2. Жалителите
196. Жалителите истакнаа дека врз основа на начело на обичајното меѓународно право кој е одамна воспоставен, дека ниту едно домашно правило, дури и со уставна сила, не можело да биде употребено како оправдување за непочитување на меѓународното право (тие се повикаа на судската пракса на Постојаниот меѓународен суд и Меѓународниот суд на правдата [International Court of Justice] (ICJ)). Ова начело било кодификувано во член 27 од Виенската конвенција за договорно право како продолжување на поопштото начело pacta sunt servanda, и често било употребувано во судската пракса на меѓународните судови и квазисудските тела вклучувајќи го и Комитетот за човекови права, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија [International Criminal Tribunal for the former Yugoslavia] (ICTY), Интерамериканскиот суд за човекови права, Африканската комисија за правата на човекот и народите, и арбитражните судови. Кога се соочувале со неподготвеност на држава договорничка да достави барани документи од причини на тајност, меѓународните судови одржувале затворени седници (жалителите се повикаа на Godínez Cruz против Хондурас, Интерамерикански суд за човекови права, пресуда од 20 јануари 1989 година, и Ballo против УНЕСКО, Административен трибунал на МОТ, пресуда бр. 191, 15 мај 1972 година). Во случајот во врска со протокот Крф [Corfu Channel case] ICJ не извел негативни заклучоци кога Обединетото Кралство одбило да достави докази кои сметало дека се поврзани со поморски тајни (пресуда од 9 април 1949 година). Сепак, ICTY го одбила повикувањето на хрватската Влада на пресудата во случајот Крф како оправдување за нејзиното одбивање да достави некои документи и докази од воен карактер во случајот Обвинителот против Томислав Блашкиќ, одлучувајќи, особено, дека неограничено право на државите да не откриваат, од безбедносни причини, документи кои се неопходни за постапката би можело да ја загрози самата функција на Трибуналот (пресуда од 29 октомври 1997 година). Трибуналот додал дека императивите на државната безбедност можеле да бидат испочитувани со приспособување на процедурата, вклучително преку расправи затворени за јавноста и специјални процедури за комуникација и снимање на документи од чувствителен карактер. Во поновиот случај Обвинителот против Дарио Кордиќ и Марио Черкез, ICTY исто така одлучил дека прашањата кои биле релевантни за бараните документи во постапката биле во негова целосна дискрециона оцена и не можеле да бидат оспорувани од државите (одлука од 9 септември 1999 година). Жалителите истакнаа дека обраложението во тие случаи било применливо, mutatis mutandis, и во овој случај.
197. Жалителите повторија дека руската Влада не ги поткрепила со докази своите наводи за ризици за безбедноста и не објаснила зошто документот кој се однесувал на злосторство извршено од претходниот тоталитарен режим морало да биде класифициран. Одлуката за класифицирање исто така била спротивна на рускиот Закон за државни тајни, чиј член 7 забранувал класифицирање на информации за повреди на човековите права. Катинскиот масакр бил повреда на правото на живот од големи размери направена по наредба на највисоките органи на СССР.
198. Жалителите се согласија со пресудата на Сускиот совет во оној дел во кој со неа се утврдува повреда на член 38 од Конвенцијата. Тие истакнаа дека Судот имал апсолутно дискреционо право да одлучи кои докази се потребни за разгледување на случајот и дека одбивањето на соработка со Судот можело да доведе до повреда на член 38, дури и кога не е најдена повреда на материјална одредба од Конвенцијата.
3. Полската Влада
199. Полската Влада се согласи со заклучоците на Судскиот совет во однос на наоѓањето на повреда на член 38 од Конвенцијата. Таа на почетокот воочи дека Руската Влада доставила контрадикторини информации, дури и во постапката пред Судот, во однос на тоа кој ја издал одлуката за класифицирање на документите и на кој датум таа била донесена. Додека во поднесокот од 19 март 2010 година руската Влада кажала дека одлуката била донесена од Меѓуресорната комисија за заштита на државни тајни, нивниот писмен поднесок од 30 ноември 2012 посочувал дека одлуката била донесена од канцеларијата на Главниот воен обвинител во консултација со Сојузната служба за безбедност.
200. Полската Влада веруваше дека одлуката за класифицирање на документи од истрагата била спротивна на материјалното руско право. Содржината на одлуката за запирање на кривичната постапка била јасно дефинирана во рускиот Закон за кривична постапка и не можела да содржи било какви информации кои се класифицирани како државна тајна. Дури и ако одлуката содржела податоци за лица во однос на кои постапката била водена, тоа не можело да биде основ за класифицирање на целата одлука како државна тајна. Било какви информации во врска со високи функционери на СССР се однесувале на периодот до 1970 година, и затоа до моментот кога била донесена одлуката, максималниот период од триесет години дефиниран со член 13 од Законот за државни тајни веќе бил поминат. Покрај тоа, во делот во кој руската Влада признала дека постапките на функционерите на СССР биле оквалификувани со закон како злоупотреба на положбата, овие информации биле изречно забранети за класификација по основ на член 7 од Законот за државни тајни. Полската Влада исто така нагласи дека руската Влада не доставила образложена одлука за класифицирањето.
201. На крајот, полската Влада посочи дека истрагата за Катин не била поврзана со сегашни функции или операции на специјалните служби или полицијата. Дури и ако дел од документите биле класифицирани од поранешниот режим, повеќе немало континуиран и актуелен јавен интерес за задржување на тоа класифицирање.
В. Оцена на Судот
1. Општи принципи
202. Судот повторува дека е од најголема важност за ефикасното функционирање на системот на индивидуална жалба согласно член 34 од Конвенцијата тоа дека државите треба да ги овозможат сите неопходни услови за да се овозможи правилна и ефикасна анализа на жалбите. Оваа обврска им наложува на државите договорнички да ги овозможат сите потребни услови за Судот, без разлика дали е тоа утврдување на фактите или извршување на неговата генерална должност во однос на разгледувањето на жалби. Ако Владата не достави такви информации со кои располага без задоволително објаснување, тоа може да доведе не само до изведување заклучоци во врска со основаноста на наводите на жалителот, туку може и негативно да се одрази на степенот на почитување на обврските од член 38 од Конвенцијата од страна на тужената држава (види Tahsin Acar против Турција [ГСC], бр. 26307/95, параграфи 253-254, ECHR 2004‑III; Timurtaş против Турција, бр. 23531/94, параграфи 66 и 70, ECHR 2000‑VI; и Tanrıkulu против Турција [ГСC], бр. 23763/94, параграф 70, ECHR 1999‑IV).
203. Обврската да се достават докази кои Судот ги побарал е обврзувачка за тужената Влада од моментот кога таквото барање е издадено, без разлика дали тоа било при првичната комуникација на жалбата до Владата или во покасна фаза од постапката (види Enukidze и Girgvliani против Грузија, бр. 25091/07, параграф 295, 26 април 2011 година, и Bekirski против Бугарија, бр. 71420/01, параграфи 111-113, 2 септември 2010 година). Основен услов е бараните документи да бидат доставени во целост, ако така Судот наредил, и дека за сите елементи кои недостасуваат потребно е да се даде соодветно објаснување (види Damir Sibgatullin против Русија, бр. 1413/05, параграфи 65-68, 24 април 2012 година; Enukidze и Girgvliani, цитиран погоре, параграфи 299‑300; и Davydov и други против Украина, бр. 17674/02 и 39081/02, параграфи 167 et seq., 1 јули 2010 година). Понатаму, секој документ кој Судот го побарал мора да биде доставен брзо и, во секој случај, во рамките на рокот утврден од Судот, затоа што големо и необјаснето доцнење може да го наведе Судот да заклучи дека објаснувањата на тужената држава се неуверливи (види Damir Sibgatullin, параграф 68; Tahsin Acar, параграф 254; и Enukidze и Girgvliani, параграфи 297 и 301, цитирани погоре).
204. Судот има претходно одлучувано дека тужената Влада не ги исполнила критериумите од член 38 во случаи кога не дала објаснување за одбивањето да ги достави бараните документи (види, на пример, Bekirski, цитиран погоре, параграф 115; Tigran Ayrapetyan против Русија, бр. 75472/01, параграф 64, 16 септември 2010 година; и Maslova и Nalbandov против Русија, бр. 839/02, параграфи 128-129, 24 јануари 2008 година) или кога доставила нецелосна или модифицирана копија, истовремено одбивајќи да го достави оригиналниот документ за проверка од страна на Судот (види Trubnikov против Русија, бр. 49790/99, параграфи 50-57, 5 јули 2005 година).
205. Во случаи кога Владата се повикала на доверливост на информациите или безбедносни ризици како причина за недоставување на бараните документи, Судот морал да се увери дека постоеле легитимни и издржани причини за третирање на конкретните документи како тајни или доверливи. Така, во многу случаи кои воглавно се однесуваат на исчезнување на лица во Чеченија, руската Влада се повикувала на одредба од рускиот Закон за кривична постапка која, според Владата, забранувала откривање на документи од досието на истрага која е во тек. Судот сепак посочил дека таа одредба не содржела апсолутна забрана, туку дека дефинирала процедура и ограничувања за нивно откривање. Судот исто така воочил дека во слични случаи руската Влада ги доставила бараните документи без повикувања на таа одредба, или се согласила да достави докази од истражниот предмет дури и ако првично се повикала на таа одредба (види, помеѓу останатите случаи, Sasita Israilova и други против Русија, бр. 35079/04, параграф 145, 28 октомври 2010 година, и Musikhanova и други против Русија, бр. 27243/03, параграф 107, 4 декември 2008 година).
206. Што се однесува на класифицирањето на документите како тајни, Судот не бил уверен, во еден случаај, во објаснувањето на тужената Влада според кое правилата со кои се уредува процедурата за контрола на преписката на затворениците претставувале државна тајна (види Davydov и други, цитиран погоре, параграф 170) или, во друг случај, дека домашниот закон не предвидувал процедура за давање на информации класифицирани како државна тајна на меѓународна организација (види Nolan и K. против Русија, бр. 2512/04, параграф 56, 12 февруари 2009 година). Судот посочил дека, ако постоеле легитимни стравувања за националната безбедност, Владата требала да ги изостави чувствителните пасуси или да достави резиме на релевантните факти (loc. cit.). На крај, при оцена на карактерот на класифицираните информации, Судот зел предвид дали за документот знаел и некој друг надвор од тајните служби и највисоките државни функционери. Наводниот високо чувствителен карактер на информации бил доведен под сомнение штом станело јасно дека обични граѓани, како што е адвокат на тужител во граѓански предмет, можеле да дознаат за конкретниот документ (loc. cit.).
2. Примена на горенаведените принципи во дадениот случај
207. При комуникацијата на две жалби од овој случај до тужената Влада, Судот постави повеќе прашања до странките и побара Владата да достави копија од одлуката од 21 септември 2004 година во врска со запирањето на постапката за кривичниот предмет бр. 159. Владата одби да даде таква копија, повикувајќи се на тоа дека одлуката е класифицирана како државна тајна на домашно ниво. На 5 јули 2011 година Судот донесе делумна одлука за допуштеноста на жалбите, ги повика странките да достават дополнителни документи со кои сакаат Судот да биде запознат, и исто така постави прашање во врска со исполнувањето на обврските од член 38 од Конвенцијата од страна на Владата. Владата не достави копија на бараната одлука. Во постапката пред Големиот судски совет, на 30 ноември 2012 и 17 јануари 2013 година, Владата достави повеќе дополнителни документи, кои сепак не содржеа копија од одлуката од 21 септември 2004 којашто беше побарана.
208. Судот повторува дека член 38 од Конвенцијата наложува државите договорнички да ги овозможат сите неопходни услови за Судот, без разлика дали е тоа утврдување на факти или вршење на неговата генерална должност во врска со разгледувањето на жалби. Со оглед на тоа што Судот раководи со својата процедура и своите правила, тој има целосна слобода во оцената не само на допуштеноста и релевантноста, туку и на доказната вредност на секој доказ изведен пред него. Само Судот може да одлучи дали и во кој степен учеството на конкретен сведок може да биде релевантно за неговата оцена на фактите и за тоа каков вид на докази странките се должни да достават за соодветна анализа на случајот. Странките се обврзани да ги исполнуваат неговите барања и инструкции, да доставуваат навремени инфорации за било какви пречки при нивното исполнување и да дадат раумни или уверливи објаснувања кога нема да ги исполнат (види Davydov и други, цитиран погоре, параграф 174; Nevmerzhitsky против Украина, бр. 54825/00, параграф 77, ECHR 2005-II (извадоци); и Ирска против Обединетото Кралство, 18 јануари 1978 година, параграф 210, Серија A бр. 25). Затоа доволно е тоа што Судот смета дека доказите содржани во бараната одлука се неопходни за утврдување на фактите во овој случај (види Dedovskiy и други против Русија, бр. 7178/03, параграф 107, ECHR 2008 (извадоци), како и Akhmadova и Sadulayeva против Русија, бр. 40464/02, параграф 137, 10 мај 2007 година).
209. Што се однесува на наводниот супсидијарен карактер на обврската да се овозможат сите услови за анализа од страна на Судот, која произлегува од член 38 од Конвенцијата, Судот повторува дека таа обврска е последица на обврската да не се попречува ефикасното остварување на правото на индивидуална жалба согласно член 34 од Конвенцијата. Вусшност, ефикасното остварување на ова право може да биде доведено во прашање со пропуштањето од страна на државата договорничка да му помогне на Судот при испитувањето на сите околности во врска со случајот, особено со недоставување на докази за кои Судот смета дека се клучни за неговата задача. И двете одредби дејствуваат заедно за да го гарантираат ефикасното водење на судската постапка и тие се однесуваат на процедурални прашања, а не на меритумот на жалбените наводи на жалителите по материјалните одредби на Конвенцијата или нејзините протоколи. Иако структурата на пресудите на Судот вообичаено го одразува распоредот на членовите на Конвенцијата, исто така е вообичаено Судот да го анализира исполнувањето на процедуралната обврска од член 38 од Конвенцијата од страна на Владата на самиот почеток, особено ако треба да се изведат негативни заклучоци од пропуштањето на Владата да ги достави бараните докази (види, помеѓу останатите случаи, Shakhgiriyeva и други против Русија, бр. 27251/03, параграфи 134-140, 8 јануари 2009 година; Utsayeva и други против Русија, бр. 29133/03, параграфи 149-153, 29 мај 2008 година; Zubayrayev против Русија, бр. 67797/01, параграфи 74-77, 10 јануари 2008 година; и Tangiyeva, цитиран погоре, параграфи 73-77). Судот во тој поглед исто така повторува дека може да утврди дека тужената Влада не ги исполнила процедуралните обврски дури и во отсуство на допуштен жалбен навод за повреда на материјална одредба на Конвенцијата (види Poleshchuk v. Russia, бр. 60776/00, 7 октомври 2004 година). Понатаму, не е потребно наводното мешање на Владата наводно да го ограничило, или да имало значително влијание врз остварувањето на правото на индивидуална жалба (види McShane против Обединетото Кралство, бр. 43290/98, параграф 151, 28 мај 2002 година). Судот уште еднаш повторува дека процедуралните обврски на една држава договорничка од член 34 и член 38 од Конвенцијата мора да бидат спроведени без оглед на крајниот исход на постапката и на таков начин да се избегне било каков фактички или потенцијално обесхрабрувачки ефект врз жалителите или нивните застапници.
210. Навраќајќи се на оправданието дадено од Владата за недавањето на копија на бараната одлука, Судот забележува дека тоа се фокусирало на фактот дека одлуката била законито класифицирана на домашно ниво и дека важечките закони и прописи ја спречувале Владата да пренесува класифицирани документи на меѓународни организации во отсуство на гаранции за нивната тајност.
211. Судот повторува дека веќе има најдено во друг случај против Русија дека едноставно повикување на структурален пропуст на домашниот закон кој го правел пренесувањето на чувствителни документи на меѓународни организации е недоволно објаснување за да се оправда недавањето на информациите кои се побарани од Судот (види Nolan и K., цитиран погоре, параграф 56). Судот претходно има одбиено слични приговори на руската Влада во врска со наводното отсуство на заштитни мерки во процедурата на Судот кои ја гарантираат тајноста на документите или со кои се наметнуваат санкции на странски државјани за повреда на тајноста (види Shakhgiriyeva и други, цитиран погоре, параграфи 136-140). Судот повторува во тој поглед дека Конвенцијата е меѓународен договор кој, во согласност со начелото pacta sunt servanda кодифицирано во член 26 од Виенската конвенција за договорно право, е обврзувачки за државите договорнички и мора да биде извршуван од нивна страна во добра вера. Врз основ на член 27 од Виенската конвенција, одредбите од меѓународното право не може да бидат употребни како оправдување за неисполнување на договорни обврски од страна на држава договорничка. Во контекст на обврската која произлегува од текстот на член 38 од Конвенцијата, овој услов значи дека тужената држава не може да се повика на домашни правни ограничувања, како што е отсуството на посебна одлука од страна на друга државна агенција, за оправдување на пропуштањето да се овозможат сите услови потребни за испитување на случајот од страна на Судот. Судот постојано бил на став дека владите одговораат по Конвенцијата за актите на секој државен орган затоа што она што е предмет на одлучување во сите случаи пред Судот е меѓународната одговорност на државата (види Lukanov против Бугарија, 20 март 1997 година, параграф 40, Збирки 1997‑II).
212. Иако во постапката пред Големиот судски совет Владата достави копии на пресудите донесени од домашните судови во постапката за декласифицирање, со нив не беше разјаснет точниот карактер на безбедносните ризици кои биле основа на одлуката за класифицирање на дел од документите од кривичниот предмет, вклучувајќи ја одлуката од 21 септември 2004 година побарана од Судот. Стана јасно дека одлуката за класифицирање не била донесена од канцеларијата на Главниот воен обвинител по негова иницијатива, туку повеќе врз основа на мислење на некои функционери од Сојузната служба за безбедност, која „имала право по свое наоѓање да постапува со информациите дадени во одлуката на канцеларијата на Главниот воен обвинител“. Исто така било кажано дека одлуката од 21 септември 2004 година содржела информации од областа на разузнавањето, контраразузнавањето и во врска оперативни и истражни активности“, без понатамошно објаснување (види параграф 64 погоре).
213. Судот повторува дека оцената на националните органи во секој конкретен случај дека се инволвирани ризици по националната безбедност е оцена којашто не е подложна на оспорување. Сепак, дури и кога во прашање е националната безбедност, концептите на законитост и владеење на правото во едно демократско општество наложуваат мерките со кои се засегаат фундаменталните човекови права мора да бидат предмет на некој вид на контрадикторна постапка пред независен орган кој е надлежен да ги оценува причините за одлуката и релевантните докази. Ако немало можност за ефикасно оспорување на тврдењето на извршната власт дека во прашање е националната безбедност, државните органи би можеле арбитрерно да ги ограничуваат правата заштитени со Конвенцијата (види Liu, цитиран погоре, параграфи 85-87, и Al‑Nashif против Бугарија, бр. 50963/99, параграфи 123 и 124, 20 јуни 2002 година).
214. Во овој случај пресудата на Судот на градот Москва од 2 ноември 2010 година, потврдена од Врховниот суд, не содржи вистинска анализа на причините за задржување на статусот на класифицирани информации за документите од предметот. Не е ни јасно дали тој Суд добил копија од експертскиот извештај на Сојузната служба за безбедност. Националните судови не го испитале посериозно тврдењето на извршната власт дека информациите содржани во таа одлука треба да останат тајни повеќе од седумдесет години после настаните. Тие го ограничиле опсегот на нивната анализа само на утврдување дека одлуката за класифицирање била донесена во рамките на управната надлежност на релевантните органи, без независно да испитаат дали заклучокот дека нејзино декласифицирање би претставувало опасност за националната безбедност е заснован врз факти. Руските судови не дале суштински одговори на аргументот на НВО Мемориал дека со одлуката била запрена истрагата за масовното стрелање на невооружени заробеници, што значи, за една од најтешките повреди на човековите права извршена по наредба на највисоките советски функционери и дека затоа таа не можела да биде класифицирана согласно член 7 од Законот за државни тајни. На крај, судовите не воспоставиле рамнотежа помеѓу од една страна, наводната потреба да се заштитат информациите со кои располага Сојузната служба за безбедност, и јавниот интерес за транспарентна истрага за злосторствата на претходниот тоталитарен режим и приватниот интерес на роднините на жртвите за откривање на околностите на нивната смрт, од друга. Со оглед на ограничениот опсег на оцената на домашните судови на одлуката за класифицирање, Судот не може да прифати дека доставувањето на бараната копија од одлуката од 21 септември 2004 година, би можело да влијае врз националната безбедност на Русија.
215. Судот на крај нагласува дека во рамките на процедурата која се води пред него тој може да одговори на легитимните императиви на националната безбедност со адаптирање на процедурата, вклучително и преку ограничен пристап до документот за кој станува збор согласно правило 33 од Правилата на Судот и, in extremis, со одржување на расправа затворена за јавноста. Иако руската Влада беше во целост запозната со овие можности, таа не побара примена на такви мерки, иако странката која бара доверливост е должна да поднесе такво барање и да даде образложение за него.
216. Затоа, Судот смета дека во овој случај тужената држава не ги исполни своите обврски од член 38 од Конвенцијата поради нејзиното одбивање да достави копија на документот којшто Судот го побара.
V. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
217. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
A. Штета
218. Жалителите г-н Јержи Карол Малевич, г-н Јановиец и г-н Трибовски побараа надомест на штета за загубата на нивните татковци и дедото на еден од нив. Сите жалители исто така побараа надомест на нематеријална штета за наводните повреди на член 2 и член 3 од Конвенцијата, препуштајќи го изност на правичното задоволување на дискрециона оцена на Судот.
219. Владата ги оспори тие барања.
220. Судот не најде повреда на член 2 и член 3 од Конвенцијата. Тоа што руската Влада не го испочитувала член 38 од Конвенцијата беше процедурално прашање за коешто не е потребно доделување на правично задоволување на жалителите. Затоа, Судот ги одбива барањата на жалителите за надомест на материјална и нематеријална штета.
Б. Трошоци и издатоци
221. Жалителите ги побараа следните износи: (i) 25,024.82 евра (ЕУР) за адвокатските услуги за г-н Шевчик (тука не спаѓа правната помош добиена од Судот);
(ii) 7,000 евра за адвокатските услуги на г-н Карпинскиј и г-ѓа Ставитскаја во постапката во Русија;
(iii) 7,581 евра и 1,199.25 полски злоти за патни трошоци и трошоци за превод во постапката пред Судскиот совет;
(iv) 4,129 евра за патни и трошоци за сместување во врска со подготвката и учеството на адвокатите и жалителите на расправата на која беше објавена пресудата на Судскиот совет и расправата пред Големиот судски совет;
(v) 124 евра за трошоци за превод и поштенски трошоци за постапката пред Големиот судски совет.
222. Покрај тоа, жалителот г-н Јержи Карол Малевич побара 2,219.36 американски долази трошоците кои тој и неговата ќерка ги имале за патување и сместување заради нивно присуство на расправата пред Судскиот совет.
223. Владата коментираше дека адвокатската награда за г-н Шевчик се чинела превисока, дека не била убедливо докажана неопходноста на патните трошоци и дека двајцата руски адвокати учествувале само во домашната постапка за рехабилитација, којашто била надвор од опсегот на овој случај. Понатаму, барањето на руските адвокати не било засновано врз никаква тарифа и не било поврзано со обемот на работа кој бил фактички направен. Не било докажано дека трошоците во врска со присуството на жалителите на расправата на која била донесена пресуда на Судскиот совет и расправата пред Големиот судски совет биле неопходни затоа што жалителите биле застапувани од тим од тројца адвокати. На крај, како што и самите признале, г-н Камињски и г-н Сохањски работеле про боно, и според Владата, затоа не можеле да побараат надомест на никаков износ за подготовка на случајот.
224. Судот повторува дека не констатира ниту една од повредите на кои жалителите се жалеа. Сепак, тој прифаќа дека фактот што руската Влада не го испочитува член 38 од Конвенцијата создал дополнителен обем на работа за застапниците на жалителите, кои беа задолжени да го анализираат тоа прашање во нивните писмени и усни обраќања. Сепак, Судот смета дека износот исплатен на застапниците како правна помош е доволен во овие околности. Затоа, Судот ги одбива барањата за надомест на трошоци и издатоци.
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучува, едногласно, дека г-н Пјотр Малевич и г-н Кажимирж Рачињски имаат процесна способност да ја продолжат постапката на местото на покојниот г-н Кжиштоф Јан Малевич и покојната г-ѓа Галина Михалска;
2. Одлучува, со тринаесет гласа за и четири против, дека Судот нема надлежност да го разгледа жалбениот навод по член 2 од Конвенцијата;
3. Одлучува, со дванаесет гласа за и пет против, дека немало повреда на член 3 од Конвенцијата;
4. Одлучува, едногласно, дека тужената држава не ги исполнила своите обврски од член 38 од Конвенцијата;
5. Го одбива, со дванесет гласа за и пет против, барањето на жалителите за правично задоволување.
Изработена на англиски и француски јазик, и потоа објавена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 21 октомври 2013 година.
Erik FriberghJosep Casadevall
СекретарПретседател
Во согласност со член 45, став 2 од Конвенцијата и правило 74, став 2 од Правилата на Судот, следните издвоени мислења се приклучени кон оваа пресуда:
(a) издвоено мислење на судијата Gyulumyan;
(б) издвоено мислење на судијата Dedov;
(в) делумно издвоено и делумно спротивставено мислење на судијата Wojtyczek;
(г) заедничко делумно спротивставено мислење на судиите Ziemele, de Gaetano, Laffranque и Keller.
J.C.*.
E.F.*.
Издвоените мислења не беа преведени, но се појавуваат на англиски и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2014.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy