© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2014. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка на судската пракса на Судот бр. 167
октомври 2013 година
Jановиец и други против Русија [ГСC] - 55508/07 и 29520/09
Пресуда 21.10.2013 [ГСC]
Член 3
Нечовечко постапување
Позитивни обврски
Наводно пропуштање да се даде адекватно објаснување за судбината на полските воени заробеници стрелaни од советската тајна полиција во Катин во 1940 година: нема повреда
Член 35
Член 35, став 3
Ratione temporis
Временска надлежност на Судот за смрт на лица која настанала 58 години пред Конвенцијата да влезе во сила во однос на тужената држава: претходниот приговор е усвоен
Член 38
Член 38, став 1 (a)
Oбврска да се обезбедат сите услови
Одбивање од причини на национална безбедност да се достави копија на одлука од домашнen суд со која се запира истрагата за Катинскиот масакр: непочитување на член 38
Факти – Жалителите биле роднини на полски војници и функционeри кои биле заробени во советски логори или затвори после инвазијата на Црвената армија на Република Полска во септември 1939 година и кои биле покасно стрелани од советската тајна полиција без да им биде судено, заедно со уште повеќе од 21,000 други лица во април и мај 1940 година. Жртвите биле закопани во масовни гробници во Катинската шума. Истраги за масовните стрелања започнале во 1990 година, но биле запрени во 2004 година. Текстот на одлуката за запирање на истрагата останал класифициран на денот на пресудата на Европскиот суд за човекови права и на жалителите не им бил даден пристап до него. Нивните многубројни барања за да добијат пристап до таа одлука и да се декласифицира статусот на државна тајна кој тој го имал биле постојано одбивани од руските судови. Руските органи исто така одбиле да му достават копија од таа одлука на Европскиот суд за човекови права од причина што документот не бил клучен за случајот на жалителите и затоа што ним домашниот закон им забранувал да ја откријат класифицираната информација.
Со пресуда од 16 април 2012 година (види Информативна белешка бр. 151), Судски совет на Судот одлучил со четири гласа за и три против дека Владата не го испочитувала член 38 од Конвенцијата со недоставување на копија од одлуката за запирање на истрагата, но дека тој немал временска надлежност мериторно да одлучи по жалбениот навод на жалителите за повреда од страна на државата на нејзината обврска да спроведе ефикасна истрага за стрелањето. Со пет гласа за и два против, Судскиот совет утврдил повреда на член 3 во однос на десетмина од жалителите поради страдањето кое им било предизвикано со занемарувањето кое руските органи го покажале за нивната ситуација.
Право – Член 2 (процедурален аспект): Судот повторил дека неговата временска надлежност да го оцени почитувањето од страна на државата на нејзината процедурална обврска од член 2 да спроведе ефикасна истрага за наводното незаконито убивање од страна на службени лица на државата не била неограничена кога смртта настанала пред датата на која Конвенцијата влегла во сила во однос на таа држава. Во такви случаи, Судот имал надлежност само во однос на процедуралните дејствија или пропуштања во периодот после влегувањето во сила на Конвенцијата и под услов да постоела „вистинска врска“ помеѓу смртта како настан генератор на спорната ситуација и влегувањето во сила. За да се утврди постоење на „вистинска врска“, периодот помеѓу смртта и влегувањето во сила мора да бил релативно краток и поголемиот дел од истрагата да бил спроведен или требало да биде спроведен после датата на влегување во сила. Во оваа смисла, релативно краток период значело период од не повеќе од десет години.
Врз основа на изведените докази, за роднините на жалителите морало да се се смета дека биле стрелани од советските органи во 1940 година. Сепак, Русија не ја ратификувала Конвенцијата до 1998 година, околку педесет и осум години покасно. Тој период не бил само многу пати подолг од периодите кои довеле до процедурална обврска за тужените држави во претходни случаи за кои Судот одлучувал, туку исто така бил премногу долг и во апсолутна смисла за да може да се утврди вистинска врска помеѓу смртта и влегувањето во сила на Конвенцијата во однос на Русија. Понатаму, иако истрагата за тоа како настанале масовните гробници била формално запрена во 2004 година, шест години после влегувањето во сила на Конвенцијата во однос на Русија, било невозможно врз основа на информациите во списите и во поднесоците на странките да се утврдат било какви истражни мерки после датата на која Конвенцијата влегла во сила. Судот не можел да прифати дека повторно оценување на доказите, остапување од претходни заклучоци или одлука која се однесува на класифицирање на документи од истрагата можело да се смета дека претставуваат „значителен дел од процедуралните мерки“ кој е потребен за да се утврди постоење на „вистинска врска“ во смисла на член 2. Исто така не се појавиле ниту еден доказ или значителни информации после критичната дата. Затоа, ниту еден критериум за утврдување дека постои „вистинска врска“ не бил исполнет.
Сепак, како што Судот воочил во Šilih v. Slovenia, можело да има исклучителни ситуации кои не го исполнувале стандардот „вистинска врска“, но кога потребата да се осигура вистинска и ефикасна заштита на гаранциите и темелните вредности на Конвенцијата би претставувала доволна основа за да се признае постоење на таква врска. За да се најде потребната врска во такви случаи основниот настан би требало да биде од поголеми размери отколку обично кривично дело и да претставува негацијата на темелите на Конвенцијата. Тешки кривични дела согласно меѓународното право, како што се воените злосторства, геноцид или злосторства против човештвото би влегле во таа категорија. Сепак, таканаречената клаузула „вредности на Конвенцијата“ не можела да се примени на настани кои се случиле пред усвојувањето на Конвенцијата на 4 ноември 1950 година, затоа што дури тогаш Конвенцијата почнала да постои како меѓународен договор за човекови права. Државата договорничка не можела да се повика на одговорност според Конвенцијата за тоа што не спровела истрага дури ни за најтешките кривични дела согласно меѓународното право ако тие биле извршени пред усвојувањето на Конвенцијата. Во врска со тоа, имало фундаментална разлика помеѓу тоа државата да има можност кривично да гони тешко кривично дело согласно меѓународното право кога тоа го допуштаат околностите и таа со Конвенцијата да биде обврзана да го стори тоа. Настаните кои можеле да доведат до обврска државата да спроведе истрага согласно член 2 се случиле на почетокот на 1940 година, повеќе од десет година пред Конвенцијата да почне да постои. Затоа, немало елементи кои можеле да создадат врска помеѓу далечното минато и поблискиот период после влегувањето во сила и Судот затоа немал надлежност да го разгледа жалбениот навод по член 2.
Заклучок: претходниот приговор бил усвоен (тринаесет гласа за и четири против).
Член 3: Во својата судска пракса, Судот прифатил дека страдањето на членовите на семејството на „исчезнато лице“, кои преживале долг период на наизменична надеж и очај, можело да оправда наоѓање на повреда на член 3 поради особено бесчувствителниот однос на државните органи кон нивните барања за информации. Сепак, во случајот на жалителите, надлежноста на Судот го покривала само периодот кој почнува на 5 мај 1998 година, датата на која Конвенцијата влегла во сила во однос на Русија. Дотогаш, повеќе немало продолжена неизвесност за судбината на полските воени заробеници. Иако не биле откриени сите тела, нивната смрт била јавно потврдена од страна на советските и руските органи и станала познат историски факт. Затоа следувало дека она што на почетокот можело да се смета за „исчезнување“ морало да се смета за случај на „потврдена смрт“. Со оглед на тоа дека во случајот на жалителите не биле утврдени ниту една од специјалните околности кои го наведувале Судот да најде посебна повреда на член 3 во претходни случаи на „потврдена смрт’ (на пример, кога жалителот бил директен сведок на страдањето на жртвата), нивното страдање не достигнало димензија и карактер кој е одвоен од емоционалната болка којашто неизбежно им се нанесува на блиските на жртви на тешки повреди на човековите права.
Заклучок: нема повреда (дванаесет гласа за и пет против).
Член 38: Владата не постапила по барањето на Судот да му достави копија од одлуката од септември 2004 година за запирање на истрагата за Катин, од причина што одлуката била законски класифицирана како државна тајна на домашно ниво и што Владата не смеела да доставува класифицирани документи на меѓународни организации во отсуство на гаранции за нивната доверливост.
Судот повторил дека, дури и кога во прашање била националната безбедност, концептите на законитост и владеење на правото во демократско општество наложувале мерките со кои се засегаат човековите права да бидат подложени на некаков вид на контрадикторна постапка која се води пред независен орган надлежен да ги оцени причините за одлуката и релевантните докази, зашто во спротивно државните органи би можеле арбитрерно да ги повредуваат правата заштитени со Конвенцијата.
Во овој случај, домашните судови не направиле ефикасна оцена на тврдењето на извршната власт дека информациите содржани во одлуката за запирање на истрагата требало да останат тајни повеќе од седумдесет години после настаните. Тие го ограничиле опсегот на нивната оцена само на утврдување дека одлуката за класифицирање била донесена во рамките на управната надлежност на релевантните органи, без да направат независна оцена на тоа дали заклучокот дека нивното декласифицирање претставувало ризик за националната безбедност било заснован на факти. Тие не дале суштински одговор на аргументот дека со оглед на тоа дека одлуката се запрела истрага за една од најтешките повреди на човековите права направена по наредба од највисоките нивоа на власта, согласно домашниот закон таа не можела да се класифицира. Тие исто така не воспоставиле рамнотежа помеѓу од една страна, наводната потреба да се заштитат информациите, и од друга, јавниот интерес за транспарентна истрага и приватниот интерес на роднините на жртвите да се откријат околностите на нивната смрт. Со оглед на ограничениот опсег на судската оцена, Судот не можел да прифати дека доставувањето на копија на одлуката од 2004 година за запирање на истрагата би можело да ја загрози националната безбедност на Русија.
Судот исто така нагласил дека за легитимни ризици за националната безбедност постапката која се води пред него можела да биде приспособена со соодветни процедурални мерки, вклучително и со ограничен пристап до конкретниот документ согласно правило 33 од Правилата на Судот, и, in extremis, одржување на расправа затворена за јавноста. Сепак, Владата не побарала примена на такви мерки.
Заклучок: не бил почитуван член 38 (едногласно).
Член 41: Барањата за надомест на штета биле одбиени затоа што непочитувањето на член 38 било процедурално прашање кое не наложувало доделување на правично задоволување.
(Види Šilih v. Slovenia [GC], 71463/01, 9 април 2009 година, Информативна белешка бр. 118)
© Coвет на Европа/Eвропски суд за човекови права
Ова резиме подготвено од Секретаријатот на Судот не го обврзува Судот
На овој линк може да се најдат Информативни белешки од судската пракса
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2014
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy