© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2014. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТИ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ JONES И ДРУГИ против ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
(Жалби бр. 34356/06 и бр. 40528/06)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
14 јануари 2014 година
КОНЕЧНА
02/06/2014
Оваа пресуда стана конечна согласно член 44, став 2 од Конвенцијата. Пресудата може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Jones и други против Обединетото Кралство,
Европскиот суд за човекови права (Четврти оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Ineta Ziemele, Претседател,
Päivi Hirvelä,
George Nicolaou,
Ledi Bianku,
Zdravka Kalaydjieva,
Vincent A. De Gaetano,
Paul Mahoney, судии,
и Françoise Elens-Passos, Секретар на оддел,
Откако расправаше на затворена седница одржана на 10 декември 2013 година,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на гореспоменатата дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со две жалби (бр. 34356/06 и 40528/06) против Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска поднесени пред Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човекови права и основни слободи („Конвенцијата“). Подносител на првата жалба е г-н Ronald Grant Jones, британски државјанин роден во 1953 година. Неговата жалба беше поднесена на 26 јули 2006 година. Подносители на втората жалба се г-н Alexander Hutton Johnston Mitchell, г-н William James Sampson и г-н Leslie Walker. Тие исто така се британски државјани родени во 1955, 1959 и 1946 година, соодветно. Г-н Sampson исто така има и канадско државјанство. Tие ја поднесоа нивната жалба на 22 септември 2006 година.
2. Г-н Jones го застапуваше г-н G. Cukier, aдвокат од адвокатското друштво Kingsley Napley LLP од Лондон. На г-н Mitchell, г-н Sampson и г-н Walker, им беше доделена правна помош, и нив ги застапуваше
г-ѓа T. Allen, адвокатка од Лондон од адвокатското друштво Bindmans LLP. Владата на Обединетото Кралство („Владата“) ја застапуваше нејзиниот агент, г-н J. Grainger, oд Форин и Комонвелт Офисот.
3. Жалителите, тврдеа, пред сè, дека давањето на имунитет на Кралството Саудиска Арабија во случајот на г-н Jones како и на обвинетите физички лица во граѓанска постапка и во двете жалби претставувало мешање во нивното право на пристап до суд од член 6 од Конвенцијата.
4. На 15 септември 2009 година жалбите беа комуницирани до Владата. Исто така Судот одлучи истовремено да одлучи за допуштеноста и основаноста на жалбите (член 29, став 1).
5. Невладините организации Redress Trust (“REDRESS”), Amnesty International, the International Centre for the Legal Protection of Human Rights (“INTERIGHTS”) и JUSTICE („трети страни“) добија дозвола од Претседателот на Судскиот совет да се вмешаат во писмениот дел од постапката (член 36, став 2 од Конвенцијата и правило 44, став 2). Вмешувачите доставија заеднички коментари во писмена форма.
6. Жалителите побараа одржување на усна расправа, но на 29 ноември 2011 година, Судскиот совет одлучи да не одржи расправа за предметот.
ФАКТИОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТНаводи за тортура и постапка иницирана од г-н Jones
7. На 15 март 2001 година, додека живеел и работел во Кралството Саудиска Арабија, г-н Jones бил полесно повреден кога експлодирала бомба пред книжарница во Ријад. Тој тврди дека следниот ден агенти на Саудиска Арабија го зеле од болница и дека бил незаконски лишен од слобода 67 дена. Во текот на тоа време тој бил мачен од страна полковникот Abdul Aziz. Тој, пред сè тврди дека бил тепан со стап по неговите дланки, стапала, нозе и раце; бил удиран со шлаканици и тупаници по лицето; долги периоди висел врзан за рацете; имал окови на глуждовите; не му било дозволувано да спие и дека му биле давани психоактивни лекови.
8. Г-н Jones се вратил во Обединетото Кралство каде со лекарски преглед било заклучено дека повредите кои ги имал одговарале на неговото тврдење дека бил мачен и каде му била дијагностицирана тешка форма на пост-трауматски стрес синдром.
9. На 27 мај 2002 година г-н Jones иницирал постапка пред Високиот суд против „Министерството за внатрешни работи на Кралството Саудиска Арабија“ и полковникот Abdul Aziz, во која помеѓу другото барал надомест на штета за претрпена тортура. Во своето барање тој го опишал полковникот Аbdul Aziz како службеник или агент на Саудиска Арабија. Достава на тужбеното барање против Саудиска Арабија била извршена на нејзините тогашни адвокати [solicitors] кои јасно кажале дека тие не се овластени да примат доставување на тужбениот навод против полковникот Abdul Aziz.
10. На 12 февруари 2003 година Саудиска Арабија побарала тужбата да биде отфрлена, затоа што таа, нејзините службеници и агенти, имале право на имунитет и затоа што англиските судови немале надлежност. Г-н Jones побарал дозвола доставата на полковник Abdul Aziz да биде извршена по алтернативен пат. Во својата пресуда од 30 јули 2003 година, судија за процедурални прашања на Високиот суд [Master of the High Court] одлучил дека Саудиска Арабија имала право на имунитет согласно член 1, став 1 од Законот за државен имунитет од 1978 година („Законот од 1978 година“: види параграф 39 подолу). Тој исто така одлучил дека и полковник Abdul Aziz право на имунитет согласно тој Закон и одбил да даде дозвола за вршење достава по алтернативен пат. Г-н Jones се жалел до Апелациониот суд.
Б. Наводи за тортура и постапка иницирана од г-н Mitchell, г-н Sampson и г-н Walker
11. Г-н Mitchell и г-н Sampson биле уапсени во Ријад во декември 2000 година; г-н Walker бил таму уапсен во февруари 2001 година. Сите тројца жалители, тврделе дека додека биле во притвор, тие биле подложени на континуирана и систематска тортура, вклучително дека биле удирани по стапалата, рацете, нозете и главата и дека не им било дозволувано да спијат. Г-н Sampson тврдел дека бил анално силуван. Жалителите биле пуштени на слобода и се вратиле во Обединетото Кралство на 8 август 2003 година. Секој од нив има лекарски извештај во кој се заклучува дека нивните повреди одговараат на нивните тврдења.
12. Жалителите одлучиле да иницираат постапка пред Високиот суд против четири лица за кои тие сметале дека се одговорни: двајца полицајци, заменик управник на затворот во кој биле држени, и Министерот за внатрешни работи за кој тврдела дека ја дозволил тортурата. Tие затоа побарале дозвола тужбата да биде доставена на четворицата тужени кои биле надвор од државата. Истиот судија кој одлучил по тужбеното барање на г-н Jones, одбил да даде таква дозвола на 18 февруари 2004 година, врз основа на неговата претходна олдука во врска со г-н Jones. Но, судијата потврдил дека во оваа постапка имал можност да одлучува врз основа на повеќе аргументи во споредба со тужбеното барање на г-н Jones, и рекол:
„... Доколку ова барање беше поднесено само по себе, без претходно да донесам одлука во случајот Jones..., можеби би бил во искушение да дадам дозвола доставата да се изврши во странство, врз основа на тоа што мене ми се чини, откако ги сослушав аргументите, дека постои навод во врска со кој тужените треба да одговорат за тоа дали овие судови имаат надлежност за нив.“
13. Со дозвола на судијата на Високиот суд, жалителите доставиле жалба до Апелациониот суд.
В. Пресуда на Апелациониот суд
14. Постапките за двата предмети биле споени и на 28 октомври 2004 година Апелациониот суд ја објавил својата пресуда. Судот едногласно ја одбил жалбата на г-н Jones против одлуката на првостепениот судија со која одбил да даде дозвола достава да се изврши во Саудиска Арабија, надвор од неговата јурисдикција. Сепак, Апелациониот суд ги дозволил сите жалби против одлуката со која се одбива дозвола да се изврши достава на тужените физички лица.
15. Што се однесува на имунитетот на Саудиска Арабија, лордот судија [Lord Justice] Mance, со кого се согласиле лордот Филипс и лордот судија Neuberger, одбил да отстапи од одлуката на овој Суд во предметот Al-Adsani против Обединетото Кралство [ГСC], бр. 35763/97, ECHR 2001‑XI. Тој понатаму заклучил дека член 14, став 1 од Конвенцијата на Организацијата на Обединетите нации против тортура (види параграф 63 подолу), кој ја обврзува државата договорничка да гарантира дека жртвата на акт на тортура ќе добие обештетување, дека не можел да се толкува дека на државата ѝ наметнува обврска да даде обештетување за акти на тортура кога тие акти се извршени од друга држава и на територија на таа друга држава.
16. Во однос на имунитетот на физичките лица, судијата ја зел предвид судската пракса на домашните судови и судовите од други држави, според која државата имала имунитет ratione materiae во однос на акти на овластени лица на државата. Сепак, тој забележал дека ниту еден од тие случаи не се однесувал на постапување кое е вон секое правилно вршење на суверена власт ниту пак во тие случаи се работело за кривично дело против меѓународното право, а уште помалку за систематска тортура. Тој не се согласил дека дефиницијата на тортура во член 1 од Конвецијата против тортура, како акт „извршен од страна на или со поттикнување или со согласност или дозволување од страна на службено лице или друго лице кое постапува во службено својство“ ( види параграф 59 подолу), негативно влијае врз барањата на жалителите:
„71. ... Се сомневам дека фразата „постапува во службено својство“ го дополнува терминот „службено лице“. Видот на целите за чие постигнување мора да се предизвика болка или страдање ... се чини дека претставуваат доволно ограничување во случајот на службено лице. И покрај тоа, условот дека болката или страдањето предизвикани од страна на службено лице, според мене само го идентификува извршителот и јавниот контекст во кој тој мора да постапува. Со тоа актите на тортура како такви не добиваат било каков службен карактер или карактер на вршење на власт, ниту пак тоа значи дека на било кој начин може да се смета за службено дејствие нанесувањето на болка или страдање, или дека може да се смета дека службеникот ја претставува државата при предизвикувањето таква болка или страдање. Дефиницијата уште помалку сугерира дека службеникот кој предизвикува таква болка или страдање може да до добие заштита со имунитет на државата ... Самата основа на Конвенцијата против тортура е да ја нагласи индивидуалната одговорност на службените лица за акти на тортура ...“
17. Судијата Mance не сметал дека е важно тоа што полковникот Abdul Aziz бил опишан во тужбеното барање на г-н Jones како „службеник или агент“ на Саудиска Арабија. Тој исто така не се согласил дека општите разлики помеѓу кривичното и граѓанското право оправдувале разлика во примената на имунитет во тие два контекста. Тој воочил дека Домот на лордови во пресудата во Pinochet (бр. 3) (види параграфи 44-56 подолу) сметал дека не може да има имунитет од кривичен прогон за конкретно службено лице кое извршило тортура во странство во службен контекст. Според тој суд, не било лесно да се види зошто можело да се каже дека граѓанската постапка против наводен извршител на тортура подразбира поголемо мешање во внатрешните работи на странска држава отколку кривична постапка против истото лице. Според него исто така било несоодветно тоа дека ако наводниот извршител на тортура бил под јурисдикција на државата во која се наоѓа судот, тој би бил гонет согласно член 5, став 2 од Конвенцијата против тортура (види параграф 62 подолу) и не било можно повикување на имунитет, додека пак жртвата да не би можела да поднесе било какво барање во граѓанска постапка. Понатаму, според судијата, немало основа за да се претпостави дека, во граѓанска постапка, државата можела да се смета за одговорна да обезбеди обештетување на жртвите или на друг начин да ги поддржи некои од своите службени лица за кои се докажало дека вршеле систематска тортура.
18. Судијата Mance сметал дека прашањето дали некое барање пред англиските судови можело да биде прифатено било подобро одговорено не во однос на имунитет, туку во однос на тоа дали било соодветно англиските судови да вршат надлежност. Според судијата, повеќе фактори биле релевантни при оцената на тоа прашање, вклучувајќи ја чувствителноста на прашањата за кои станува збор во случајот и општото овластување на англиските судови да одбијат надлежност од причина што Англија не била соодветната држава во која треба да се води постапка.
19. Анализирајќи го влијанието на член 6, судијата Mance утврдил важни разлики помеѓу навод на државата за имунитет ratione personae, како што било случај во предметот Al-Adsani; и навод на државата за имунитет ratione materiae во однос на нејзините овластени лица, што е предмет на одлучување во сегашните случаи. Прво, тој сметал дека е невозможно да се утврди било какво воспоставено меѓународно начело со кое на државата ѝ се дава право да бара имунитет во однос на тужбени барања насочени против службени лица, за разлика од тужбени барања против државата, шеф на државата или дипломати. Тој сметал дека законодавството и судската пракса на Соединетите Американски Држави (види параграфи 112-1125 подолу) биле убедливо против такво воспоставено правило и го поддржувале спротивниот став. Во однос на тоа дека застапниците на Владата се повикувале на докази дека постои воспоставена пракса, судијата Mance воочил дека судската пракса на која тој се повикал се однесувала или на имунитет на самата држава или на имунитет на поединечни службени лица за наводно несоодветно постапување кои ниту по својот карактер ниту по својата тежина можеле да се поврзат со систематска тортура како кривично дело против меѓународното право. Тој сметал дека објаснувањето во издвоеното мислење на судиите Higgins, Kooijmans и Buergenthal во пресудата на Меѓународниот суд на правдата во случајот Налог за апсење [Arrest Warrant case] (види парагарафи 84-85 подолу) дава дополнителна потврда дека нема воспоставена пракса во оваа област.
20. Судијата Mance објаснил дека, кога согласно член 14 од Конвенцијата против тортура, државата има воведено домашен правен лек за акти на тортура во државата во која тортурата била извршена, можело да се очекува дека други национални судови би одбиле надлежност. Но, кога во државата во која дошло до систематска тортура, не постои соодветен правен лек, задржувањето на став на генерално одбивање да се даде надлежност на други граѓански судови можело да се смета за несразмерно. Тој потврдил дека судовите на една држава нема лесно да пресудуваат за внатрешните работи на друга држава, но сметал дека имало многу околности, посебно во контекст на човековите права, во кои националните судови морале да ги анализираат и да донесат мислење за состојбата и однесувањето на странски држави.
21. Судијата Mance заклучил дека ако во пракса секогаш се прифаќа повикувањето на една држава на имунитет ratione materiae во однос на службено лице за кое се тврди дека извршило акти на систематска тортура, правото на пристап до суд од член 6 би изгубило значење во случај кога жртвата од тортура немала правен лек во државата чии службени лица се извршители на тортурата. Затоа тој ја прифатил жалбата на жалителите во делот во кој се однесувала на поединечни тужени лица и дозволил дополнителни аргументи, заклучувајќи:
„96. ... Ми се чини дека секаков апсолутен став за прашањето за имунитет во најмала рака мора да дозволи изнијансиран или флексибилен пристап во случај на наводи за систематска тортура. Со оглед на [Европската конвенција за човекови права] по оваа жалба мора да се одлучи на начин да, без разлика дали прашањата на имунитет на државите се третираат како теоретски одделни од прашањата за надлежност во англиското право, допуштеноста, соодветноста и сразмерноста на вршењето на надлежност мора да бидат утврдени истовремено. Таквиот заклучок е одраз на важноста која во денешниот свет и современата меѓународна теорија и јуриспруденција ѝ се дава на потврдата и ефикасното спроведување на индивидуалните човекови права. Тоа е во согласност со позицијата која е веќе утврдена во однос на кривичната постапка. Произлегува од нашата обврска од член 6 од [Конвенцијата] дека не треба да се негира пристап до нашите судови, во околности во кои инаку би било соодветно да се врши надлежност со примена на домашните начела на судење, освен ако тоа негирање би служело за остварување на легитимна цел и ако е сразмерно.“
22. Во неговото издвоено мислење, лордот Phillips се согласил со заклучоците на лордот судија Mance и во однос на наводите против Саудиска Арабија и во однос на наводите против физички лица. Посебно, тој сметал дека пресудата во Pinochet (бр. 3) (види параграфи 44-56 погоре) покажала дека тортурата повеќе не може да потпаѓа во опсегот на службени должности на службено лице. Оттука следувало дека ако била иницирана граѓанска постапка против физички лица за акти на тортура во околности во кои државата не можела да биде предмет на тужба, не можело да се сугерира дека државата би била одговорна за акти на трето лице: се работело за лична одговорност на тие поединци, а не за одговорност на државата.
23. Во однос на пристапот на овој Суд, лордот коментирал:
„134. Ако Големиот судски совет одлучуваше за навод на државен имунитет во однос на тужби поднесени против поединци, јас не сметам дека мнозинство на судии би се согласило со ставот дека тоа претставува легитимно ограничување на правото на пристап до суд согласно член 6(1). Доколку Судот имал исти заклучоци како оние кои ги донесовме ние, тој би одлучил дека нема призната норма на меѓународното јавно право која на државите им давала таков имунитет. Доколку одлучел дека таква норма постои, јас сметам дека е веројатно дека во тој случај Судот би одлучил дека не би било сразмерно да се примени таа норма на начин да не се дозволуваат граѓански тужби против поединци.“
Г. Пресуда на Домот на лордови
24. Саудиска Арабија се жалела до Домот на лордови против одлуката на Апелациониот суд во однос на тужените физички лица, а г-н Jones се жалел против одлуката на Апелациониот суд во однос на неговите тужбени наводи против Саудиска Арабија. На 14 јуни 2006 година, Домот на лордови едногласно ја прифатил жалбата на Саудиска Арабија и ја одбил жалбата на г-н Jones.
25. Лордот Bingham сметал дека има „голем број прецеденти“ во Обединетото Кралство и во други држави кои покажуваат дека државата имала право да бара имунитет за своите службени лица или агенти и дека правото на државата на имунитет не можело да биде заобиколено преку поднесување тужби против тие службени лица или агенти. Во некои гранични случаи можело да постои сомневање дали постапувањето на некој поединец, иако службено лица или агент, било доволно поврзано со некоја држава, за таа да има право да бара имунитет за неговото однесување. Но, според него, во овој предмет не се работело за такви гранични случаи. Полковникот Abdul Aziz бил тужен како службено лице или агент на Саудиска Арабија и не се сугерирало дека неговото постапување не било во исполнување или наводно исполнување на неговите должности. Четворицата тужени во вториот случај биле јавни службеници и до наводното постапување дошло во простории од јавен карактер во текот на испрашување.
26. Понатаму, повикувајќи се на Нацрт членовите за одговорност на државите за меѓународни противправни акти („Нацрт членови за одговорност на државите“: види параграфи 107-109 подолу), лордот Bingham кажал дека „меѓународното право, не наложува, како услов за правото на државата да бара имунитет за однесувањето на нејзини службеници или агенти, дека тие лица требало да постапуваат во согласност со инструкциите кои им биле дадени или согласно нивните овластувања.“ Фактот што однесувањето било незаконско или дека можело да се приговори на тоа однесување, по себе, не бил причина за да не се признае имунитет.
27. За жалителите да успеаат во нивното барање засновано на Конвенцијата, лордот Bingham објаснил дека тие морале да докажат три елементи. Прво, тие морале да докажат дека со давањето на имунитет започнувало дејствието на член 6. Лордот Bingham, поѓајќи од пресудата на Судот во Al-Adsani, цитирана погоре, бил подготвен да прифати дека тоа било докажано. Второ, тие морале да покажат дека со давањето на имунитет ним им било оневозможено правото на пристап до суд, лордот Bingham бил убеден дека и тоа би било исполнето. Трето, жалителите морале да докажат дека ограничувањето не било насочено кон исполнување на легитимна цел и дека било несразмерно.
28. Лордот Bingham не се согласил со тврдењето на жалителите дека тортурата не можела да биде службен или акт на вршење власт, затоа што согласно член 1 од Конвенцијата против тортура, тортурата мора да била извршена од службено лице или друго лице кое постапува во службено својство или со нивна изречна или молкумна согласност (види параграф 59 подолу). Иако жалителите се повикале на голем број прецеденти со кои се покажува дека судовите на Соединетите Американски Држави актите нa поединечни службени лица не би ги признале како акти извршени во службено својство во смисла на имунитет, ако тие акти биле спротивни на забрана јус когенс, лордот Bingham сметал дека не е потребно да се анализираат тие прецеденти затоа што тие биле важни само во делот во кој со нив се изразувале начела кои се широко прифатени и почитувани од другите држави. Сепак, како што судиите Higgins, Kooijmans и Buergenthal кажале во нивното издвоено мислење во случајот Arrest Warrant, „унилатералниот“ пристап на САД не добил „поддршка од поголемиот број на држави“ (види параграф 84 подолу).
29. Што се однесува на повикувањето од страна на жалителите на препораката во однос на Канада на Комитетот против тортура на Организацијата на Обединетите нации од 7 јули 2005, коментарите во пресудата на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во случајот Furundzija, и пресудата на италијанскиот Касационен суд во Ferrini против Германија (види, соодветно, параграфи 66, 82 и 140 подолу), лордот Bingham сметал дека препораката има слаба правна сила, дека коментарите во пресудата во Furundzija се само obiter dictum и дека италијанската пресуда не е точно толкување на меѓународното право.
30. Лордот Bingham утврдил четири аргументи истакнати од Саудиска Арабија кои „земени заедно не можеле да бидат соборени“. Прво, со оглед на заклучокот на Меѓународниот суд на правдата во случајот Arrest Warrant, жалителите морале да прифатат дека можно било повикување на имунитет на државата ratione personae за странски министер обвинет за злосторства против човештвото. Според него, од тоа следувало дека забраната за тортура немала автоматски и поголемо правно дејство во однос на сите останати норми на меѓународното право. Второ, член 14 од Конвенцијата против тортура не предвидувала универзална надлежност во граѓанска постапка. Трето, Конвенцијата на Организацијата на Обедените нации за имунитет на државите и нивниот имот од судска надлежност на други држави („Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност“: види параграфи 75-80 подолу) не предвидувала исклучок од имунитет за граѓански тужби кои се однесуваат на акти на тортура, иако таков исклучок бил земен предвид од страна на работна група на Комисијата за меѓународно право, не била постигната согласност за тоа (види параграф 79 подолу). Лордот Bingham воочил во тој поглед дека иако некои коментатори ја критикувале Конвенцијата на ООН затоа што не содржела исклучок од правото на имунитет во случаи на тортура, тие сепак прифаќале дека оваа област на меѓународното право „била во состојба на постојани промени“ и не сугерирале дека постоел меѓународен консензус кој оди во прилог на таков исклучок. На крај, немало докази дека државите прифатиле или почнале да применуваат било каква меѓународно-правна обврска да вршат универзална надлежност за тужби во врска со наводни повреди на перемпторни норми на меѓународното право, ниту пак постоел било каков консензус во судството или правната наука дека државите треба тоа да го сторат. Од тие причини, лордот Bingham се согласил со Апелациониот суд дека тужбата поднесена од г-н Jones против Саудиска Арабија треба да биде одбиена.
31. Во однос на тужените физички лица, тој одлучил дека заклучокот на Апелациониот суд по наводите за тортура не можел да се потврди. Тој сметал дека Апелациониот суд неправилно отстапил од позицијата во неговата претходна одлука во случајот Propend дека актите на службените лица треба да се сметаат за акти на самата држава (види параграфи 42-43 подолу). Тој појаснил:
„30. ... Нема основана причина за ова отстапување. Една држава може да дејствува само преку службени лица и агенти; нивните акти се акти на државата, и имунитетот на државата во однос на тие лица е фундаментален за начелото на имунитет на државите. Таа грешка за последица го имаше тоа што беше одлучено дека Обединетото Кралство има имунитет, дека Министерството за внатрешни работи, како дел од Владата, има имунитет, но дека Министерот за внатрешни работи (четвртиот тужен во втората тужба), нема имунитет, што е многу воочлива аномалија.
32. Лордот Bingham објаснил дека таа прва грешка го навела судот да ја направи и втората: неговиот заклучок дека граѓанска тужба против лице извршител на тортура индиректно на повлекувала одговорност на државата за друго лице освен во кривична постапка. Тој забележал:
„31. ... Државата не е кривично одговорна во меѓународното или англиското право, и затоа таа не може директно да одговара за други лица во кривична постапка. Кривичното гонење на службено лице или агент за акт на тортура во смисла на член 1 од Конвенцијата е засновано на изречен исклучок од општото правило за имунитет. Сепак, јасно е дека со граѓанска тужба против лицата извршители на тортура заснована на акти на тортура од лица во службено својство државата индиректно одговара за трети лица затоа што нивните акти ѝ се припишуваат неа. Доколку по тие тужби против физички лица се постапи и тие се усвојат, интересите на Обединетото Кралство очигледно ќе бидат засегнати, иако тоа не е тужена страна.“
33. Според лордот Bingham двете грешки биле последица на погрешно толкување на пресудата во Pinochet (бр. 3) (види параграфи 44-56 подолу), која се однесувала само на имунитет во кривична постапка. Тој рекол дека разликата помеѓу кривична постапка (за која важела универзална надлежност) и граѓанска постапка (за која таква надлежност не важи), била „суштинска“ и дека „таа разлика не можела да биде отстранета по желба“.
34. На крајот, лордот Bingham воочил дека Апелациониот суд одлучил дека надлежноста треба да се регулира со „соодветна употреба или создавање на дискрециони начела“. Тој сметал дека тоа било погрешно разбирање на карактерот на имунитетот на државите. Во случај на повикување на имунитет, имунитетот бил апсолутна прелиминарна пречка за водење на постапка и државата или имала имунитет од надлежност на странски суд или немала, но немало простор за дискреционо одлучување во тој поглед.
35. Лордот Hoffmann, во своето издвоено мислење, сметал дека немало автоматски судир помеѓу јус когенс забраната на тортура и правилата за имунитет на државите: имунитетот на државите бил процедурално правило и Саудиска Арабија, повикувајќи се на имунитет, не ја оправдувала тортурата, туку само се противела на англиските судови да имаат надлежност да одлучат дали таа користела тортура или не. Tој се согласил со забелешката адвокатот Hazel Fox QC (The Law of State Immunity (2004), стр. 525) и ја цитирал во делот дека имунитетот на државите “не бил во спротивност со забрана која содржи јус когенс норма, туку само евентуалната повреда на таа норма ја пренасочувал кон поинаков начин на решавање“. Според лордот Hoffmann, можело да дојде до конфликт само доколку забраната за тортура креирала придружно процедурално правило, кое преку исклучок од правилото за имунитет на државите, би ѝ давало право на една држава да има надлежност во судска постапка против други држави. Како и лордот Bingham, тој заклучил дека прецедентите кои биле посочени не покажувале дека во меѓународното право постои такво правило.
36. Што се однесува на примената на имунитетот на државата во однос на тужените физички лица, лордот Hoffman посочил дека за да се утврди дека давањето на имунитет на службено лице би го повредило правото на пристап до суд гарантирано со член 6 од Конвенцијата, неопходно било, како и во случајот со имунитетот на самата држава, да се докаже дека за службени лица за кои има наводи дека извршиле тортура, меѓународното право не наложувало да им се даде имунитет од граѓанска тужба. Tој сметал дека, било невозможно да се најде таков исклучок во меѓународен договор. Тој ги преиспитал во определена мера околностите во меѓународното право во кои држава би била повикана на одговорност за акт на службено лице и заклучил дека е јасно дека државата би била одговорна согласно меѓународното право ако некое од нејзините службени лица „навидум во рамките на неговите овластувања“ мачел државјанин на друга држава, иако тие акти биле незаконски и за нив немал овластување. Тој рекол:
„78. ... Ако се заклучи дека во смисла на имунитет на државите, службеното лице не постапувало во службено својство, со тоа би се создало асиметрија помеѓу правилата за одговорност и правилата за имунитет.
79. Понатаму, кога се работи за тортура, би имало уште поочигледна асиметрија помеѓу Конвенцијата за тортура и правилата за имунитет, ако се заклучело дека истиот акт имал службен карактер во смисла на дефиницијата на тортура, но не и во смисла на правилата за имунитет ...“
37. Лордот Hoffman сметал дека заклучокот на лордот судија Mance дека дефиницијата на тортура во Конвенцијата против тортура на актите на тортура не им давала службен карактер, е незадоволителен, и објаснил дека:
„83. ... Актите на тортура се или службени акти или не се. Конвенцијата против тортура не им „дава“ службен карактер, тие мора да бидат такви за да воопшто влезат во опсег на примена на Конвенцијата. И ако тие имаат службен карактер кој е доволен за на нив да се применува Конвенцијата, јас не гледам зошто тие немаат доволно службен карактер за на нив да се примени имунитет.“
38. Тој исто така сметал дека предложениот пристап на Апелациониот суд во однос на вршењето на надлежност е несоодветен, од причина што имунитетот на државата не бил ограничување кое си го наметнува самата држава, туку „тој бил наметнат со меѓународното право без дискриминација помеѓу државите.“ Тој заклучил дека било „нефер до крајни граници, судската гранка на власта да има моќ да одлучи дека ќе дозволи истрага за наводи на тортура против службени лица на една странска држава, но не и против службените лица на некоја друга држава.“РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
A. Закон за имунитет на државите од 1978 година
39. Во првото поглавје од Законот од 1978 година се работи за обемот на имунитетот на државите во граѓанска постапка. Член 1 предвидува:
„1(1) Странска држава има имунитет од судството во Обединетото Кралство освен кога е поинаку предвидено во следните одредби на ова поглавје на Законот.
(2) Судот ќе го примени имунитетот кој ѝ се дава на државата со овој член, иако државата не се појави во конкретната постапка.“
40. Во остатокот од првото поглавје на Законот се утврдуваат исклучоци од имунитет вклучително: прифаќање на надлежност (член 2); комерцијални трансакции и договори кои треба да се извршат во Обединетото Кралство (член 3); договори за вработување (член 4); телесни повреди и штета на имот „предизвикани со акт или пропуштање на Обединетото Кралство“ (член 5); сопственост, посед и користење на имот (член 6); патенти, заштитни жигови, итн (член 7); членување во корпоративни тела (член 8); арбитража (член 9); бродови употребени во комерцијални цели (член 10), ДДВ, царина, итн. (член 11).
41. Член 14 предвидува:
„14(1) Имунитетот и привилегиите кои се предвидуваат во ова поглавје на Законот се применуваат на секоја странска држава или држава од Комонвелтот освен Обединетото Кралство; и под држава ќе се подразбира -
(a) Суверен или друг шеф на таа држава во јавно својство;
(б) Владата на таа држава;
(в) било кој дел од таа Влада,
Но, не и било кој ентитет (понатаму во текстот „посебен ентитет“) кој е одвоен од извршните органи на Владата на државата и кој има способност да поднесува тужби или да биди тужен.
(2) Посебниот ентитет има имунитет од надлежност на судовите на Обединетото Кралство ако, и само ако-
(a) судската постапка се однесува на било што, што тој ентитет презел во вршење на суверена власт;
(б) околностите се такви да државата ... ќе мора да има имунитет.“
B. Пресуда во случајот Propend Finance Ltd v Sing and another [1997] ILR 611 (“Propend”)
42. Во случајот Propend, Апелациониот суд ја анализирал примената на Законот од 1978 година во однос на началникот на Сојузната полиција на Австралија. Судот сметал дека тужениот уживал имунитет, објаснувајќи:
„Заштитата која Законот од 1978 година им ја дава на државите би била доведена во прашање ако вработените или службените лица на државата ... би можеле да бидат тужени како поединци во случаи на службени акти за кои државата која ја претставуваат има имунитет. Член 14(1) мора да се толкува дека на вработените или службените лица на странска држава им дава ист степен на заштита како и на самата држава.“
43. Судот забележал дека овој заклучок бил широко поддржан од Комонвелтот и други странски држави, цитирајќи германски, канадски и случаи од САД.
Б. Пресуда во случајот Regina v. Bow Street Metropolitan Stipendiary Magistrate and Others, ex parte Pinochet Ugarte (No. 3) [2000] 1 AC 147 („Pinochet (бр. 3)“)
44. Случајот Pinochet (бр. 3) се однесувал на барање доставено од Шпанија за екстрадиција на сенаторот Аугусто Пиноче од Обединетото Кралство за да му се суди за кривични дела, вклучувајќи и тортура, извршени воглавно во Чиле додека тој бил шеф на таа држава. Сенаторот Пиноче и Владата на Чиле тврделе дека сенаторот имал имунитет ratione materiae во однос на наводните кривични дела. Домот на лордови донел пресуда во март 1999 година и одлучил едногласно дека тој не уживал имунитет во однос на обвиненијата за тортура.
45. Лордот Browne-Wilkinson коментирал дека ако се одлучил дека сенаторот немал право на имунитет во однос на акти на тортура, тоа би било прв пат локален домашен суд да одбие да даде имунитет на поранешен шеф на држава по основ на тоа дека не постои имунитет од гонење за определени кривични дела против меѓународното право. Тој објаснил дека усвојувањето на Конвенцијата против тортура било предвидено за да се обезбеди меѓународен систем во кој извршителот на тортура нема да може да најде засолниште. Toј ги посочил следните важни елементи: (1) „тортура“ во овој контекст можела да биде извршена само од страна на службено лице или друго лице кое постапува во службено својство, вклучувајќи и шеф на држава; (2) не е можна одбрана дека се работи за постапување по наредба на надреден; (3) постои универзална кривична надлежност; (4) нема изречна одредба со која се регулира имунитет на државите; (5) Чиле, Шпанија и Обединетото Кралство биле договорни страни на Конвенцијата и затоа биле обврзани со нејзините одредби.
46. Враќајќи се на фактите на овој случај, тој рекол:
„Прашањето кое треба да се одговори е дали наводното организирање на тортура вршена од државата од страна на сенаторот Пиноче (ако биде докажана) би претставувала акт извршен од сенаторот Пиноче како дел од неговите официјални функции како шеф на држава. Не е доволно да се каже дека извршувањето на кривично дело не може да се смета за дел од функциите на шеф на држава. Акти кои се кривично дело може сепак да бидат извршени во службено својство и затоа да доведат во имунитет ratione materiae. Случајот мора подетално да се анализира. “.
47. Тој сметал дека постојат сериозни основи за да се каже дека вршењето на тортура согласно дефиницијата во Конвенцијата против тортура не може да биде државна функција, иако тој имал сомнежи дали, пред влегувањето во сила на Конвенцијата против тортура, постоењето на кривичното дело тортура во меѓународното право како норма јус когенс било доволно за да го оправда заклучокот дека организирањето на тортура вршена од државата не може да претставува вршење на службена функција од аспект на правилата за имунитет. Тој понатаму кажал:
„... Сè додека не се појавил некој облик на универзална надлежност за казнување на кривичното дело тортура не можело да се говори дека тоа е целосно конституирано како кривично дело во меѓународното право. Но, според мене, Конвенцијата за тортура го обезбеди елементот кој недостасувал: универзална надлежност насекаде низ светот. Понатаму, со неа се наложува државите договорнички да ја забранат тортурата и да ја предвидат како противправен акт: член 2. Како може во смисла на меѓународното право, службената функција да влијае врз тоа што меѓународното право ќе забрани и криминализира?“
48. Лордот Browne-Wilkinson сметал дека ако спроведувањето на режим на тортура било службена функција која доведува до имунитет ratione materiae, тоа би довело до бизарни резултати. Со оглед на тоа што таквиот имунитет важел за за сите службени лица инволвирани во извршување на државни функции, и затоа што кривично дело против меѓународното право – тортура според Конвенцијата против тортура може да биде извршено само од службено лице или лице во службено својство, сите извршители би имале право на имунитет. Според него, од тоа следувало дека не би можело надвор од Чиле успешно да се гони наводниот извршител на тортура, освен ако државата Чиле била подготвена да се откаже од имунитет. Тој заклучил:
„... Затоа целата сложена структура на универзална надлежност за тортура извршена од страна на службени лица станува бесмислена и една од главните цели на Конвенцијата против тортура – да се создаде систем во која нема засолниште за извршители на тортура – ќе биде доведена во прашање. Според мене, сите овие фактори земени заедно покажуваат дека поимот на континуиран имунитет на поранешни шефови на држави не е во согласност со одредбите на Конвенцијата против тортура.“
49. Лордот Hope of Craighead го анализирал прашањето дали концептот на службени функции подразбирал и акти од таков вид какви што се тврди дека биле извршени во овој случај, кои не биле акти извршени во приватно својство, туку во рамките на вршење на државна власт. Тој рекол:
„... Јас мислам дека одговорот на ова прашање е воспоставен во обичајното меѓународното право. Критериумот е дали тие биле приватни акти или службени акти направени во исполнување на неговата функција на шеф на држава. Се работи за тоа дали актот бил преземен за промовирање на државните интереси – дали бил направен во негова полза или за негова цел или бил направен за државата ... Фактот дека акти направени за државата содржеле и однесување кое е криминално не го исклучува имунитетот ...
Може да се каже дека не е една од функциите на шеф на држава да извршува дејствија кои што се криминални според законите и уставот на неговата држава или кои се криминални според обичајното меѓународно право. Но, јас сметам дека овај пристап кон даденото прашање е несигурен. Начелото на имунитет ratione materiae ги штити сите акти кои шефот на државата ги извршил во исполнување на службени функции. Целта поради кои тие биле извршени ги штити тие акти од понатамошна анализа. Има само два исклучока од овој пристап кои се признати во меѓународното обичајно право. Првиот се однесува на кривични дела кои шефот на државата ги извршил навидум во рамките на неговата функција на шеф на држава, но кои се всушност извршени за негово задоволство или во негова полза ... Вториот се однесува на акти забранети со норма која има стекнато статус јус когенс во меѓународното право ...“
50. Лордот Hope заклучил дека после усвојувањето на Конвенцијата против тортура, државите договорнички повеќе не можеле да се повикаат на имунитет ratione materiae во случај на наводи за систематска или широко применувана тортура, што претставувало кривично дело против меѓународното право, а до која дошло после датата на усвојување на Конвенцијата. Тој објаснал:
„Јас тоа не би го сметал за случај на откажување од имунитет. Исто така не се согласувам дека е имплицитно во Конвенцијата против тортура дека на поранешните шефови на држави треба да им се одземе имунитетот ratione materiae во однос на сите акти на тортура од службен карактер дефинирана во член 1. Се работи само за тоа дека обврските кои се признаени во меѓународното обичајно право во случај на такви тешки кривични дела против меѓународното право до датата на која Чиле ја ратификувало Конвенцијата се толку силни да имаат поголема правна сила од секој приговор против вршењето на надлежност за кривични дела извршени после таа дата, кој може да се истакне во Обединетото Кралство, а по основ на имунитет y ratione materiae.“
51. Лордот Hutton заклучил дека јасната намера на Конвенцијата против тортура била дека службено лице на една држава кое има извршено тортура треба да биде гонето од друга држава ако е присутно на територијата на таа држава. Затоа тој сметал дека тужениот не можел да тврди дека извршувањето на акти на тортура после влегувањето во сила на Конвенцијата било во рамките на исполнување на функциите на шеф на држава. Иако наводните акти на тортура од страна на лицето чија екстрадиција се бара биле извршени навидум во рамките на неговата позиција на шеф на држава, според лордот тие не можеле да се сметаат за функции на шеф на држава според меѓународното право, кога меѓународното право изречно забранувало тортура како мерка која државата не може да ја примени во ниту едни околности и која била кривично дело против меѓународното право.
52. Лордот Saville of Newdigate се согласил дека после влегувањето во сила на Конвенцијата против тортура, имунитетот на државите ratione materiae за акти на тортура не можел да постои во согласност со текстот на Конвенцијата. Затоа, според лордот следувало дека помеѓу Шпанија, Чиле и Обединетото Кралство постоела согласност за исклучок од генералното правило за имунитет на државите ratione materiae од денот на кој тие три држави станале договорни страни на Конвенцијата.
53. Лордот Millett заклучил дека дефиницијата за тортура во Конвенцијата против тортура не дозволувала постоење на аргумент за имунитет ratione materiae. Тој заклучил:
„... Република Чиле е договорна страна на Конвенцијата против тортура, и мора да се смета дека таа се согласила со наметнувањето на обврска на судови на странска држава да преземат и да вршат надлежност во кривична постапка во однос на акти на тортура од службени лица. Јас не сметам дека таа се откажала од својот имунитет. Според мене не ни постои имунитет од кој државата би можела да се откаже. Кривичното дело е такво што може да биде извршено само во околности кои вообичаено би довеле до право на имунитет. Меѓународната заедница предвидела кривично дело за кое не е достапен имунитетот ratione materiae. Меѓународното право не може да предвидело кривично дело со јус когенс норма, и во исто време да предвидело имунитет кој што постои заедно со обврската којашто настојува да ја наметне [обврската судови на странска држава да преземат и да вршат надлежност во кривична постапка во однос на акти на тортура од службени лица].“
54. Тој гледал разлика помеѓу граѓанска и кривична постапка, објаснувајќи:
„... Јас не гледам ништо нелогично или спротивно на јавната политика при случаи тортура извршена со поддршка од државата, на жртвите да не им се признае правото да ја тужат таа држава во странски суд, додека во исто време е дозволено (и задолжително) други држави да им судат и да ги казнат лицата одговорни, ако дадената држава одбие тоа да го стори. Тоа е целта на Конвенцијата против тортура. Важно е да се нагласи дека сенаторот Пиноче не се тврди дека бил кривично одговорен затоа што бил шеф на држава кога други службени лица вршеле тортура за тој да остане на власт. Нема наводи дека тој има одговорност за трето лице поради постапките на негови потчинети. Се тврди дека тој има директна кривична одговорност за негови акт на давање наредби и раководење со кампања на терор во која се употребувала и тортура ...“
55. Лордот Phillips of Worth Matravers исто така коментирал дека начелата за правото на имунитет кои се применувале во граѓанска постапка, не се применувале нужно и во кривична постапка. Тој кажал дека ако постапката во Pinochet по својот карактер бил граѓанска, Чиле можело да тврди дека е индиректно одговорно, но, тој аргумент не можел да се употреби кога постапката е кривична и каде се работи за лична одговорност на лицето чија есктрадиција се бара, а не за одговорност на Чиле. Што се однесува на прашањето, поставено во случајот за кој одлучува Судот, лордот Phillips, како и лордот Saville, сметал дека имунитетот на државите ratione materiae не можел да постои истовремено со поимот на меѓународни кривични дела.Со оглед на тоа што во случајот на тортура, единственото постапување на кое се однесува Конвенцијата против тортура било постапување за кое би си применил имунитет ratione materiae, Конвенцијата не би била спојлива со апликативноста на таквиот имунитет.
56. Лордот Goff of Chieveley, кој не се согласил со мнозинството на судии, сметал дека е јасно ако државниот имунитет во однос на акти на тортура биде исклучен во овој случај, тоа можело да се стори само преку Конвенцијата против тортура. Tој не сметал дека воспоставеното начело дека откажувањето од имунитет на државата мора да биде изречно, може да биде избегнато со заклучок дека актите на тортура не се дел од функциите на една држава и дека затоа за нив не важи имунитет ratione materiae. Тој нагласил дека нема докази дека во текот на преговорите кои довеле до усвојување на Конвенцијата против тортура била земена предвид можноста за откажување од имунитет од страна на државите. Тој исто така посочил дека ако имунитетот ratione materiae бил исклучен како можност, поранешните шефови на држави и високи државни функционери многу би размислувале пред да патуваат во странство, стравувајќи дека може да бидат предмет на неосновани наводи против нив од страна на држави со поинакви политички системи. Затоа тој заклучил дека имунитетот на државата во дадениот случај бил применлив.
Г. Достава на тужбени барања во странски држави
57. Шестото поглавје од Судскиот деловник за граѓанска постапка во Англија и Велс го регулира доставувањето на тужби во странски држави. Во релевантниот период, согласно правилата 6.20 и 6.21, за да добие дозвола за достава на писмено во странска држава, тужителот требало да го увери судот дека се работи за соодветен случај во која може да се употреби дискрециона слобода и да се дозволи достава и да се докаже дека судовите во Англија и Велс се соодветен форум пред кој може да се поднесе тужбата.
Ѓ. Надомест на штета во кривична постапка
58. Согласно член 130 од Законот за изрекување на санкции од страна на кривичните судови од 2000 година, кривичниот суд има надлежност да нареди надомест на штета за телесна повреда, за загуба или штета настаната со кривично дело. Таквата одлука е предвидена за едноставни и лесни случаи каде износот на надоместот може веднаш и едноставно да се пресмета и каде пред судијата се изведени потребните докази. Таа не е предвидена да биде еквивалентна на надоместот на штета во граѓанска постапка, каде пресметката на загубата може да биде комплицирана.РЕЛЕВАНТНИ ДОКУМЕНТИ ОД МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО
A. Забрана за тортура
59. Обединетото Кралство, Саудиска Арабија и 151 друга држава се договорни страни на Конвенцијата против тортура на Организацијата на Обединетите нации. Член 1 предвидува:
„1. Во смисла на оваа Конвенција, изразот „тортура“ го означува секој акт со која на некое лице намерно му се нанесуваат болка или тешко страдање, физичко или психичко, со цел од него или од трето лице да се изнудат информации или признание, тоа да биде казнето за акт за кој тоа или некое трето лице го извршило или за чие извршување е осомничено, или заплашување на тоа лице или вршење притисок на тоа или на трето лице, од било која друга причина заснована на дискриминација во било кој облик, кога таквата болка или страдање ги нанесува службено лице или друго лице кое постапува во службено својство, или тие се нанесуваат со негов поттик, согласност или молкомна согласност. Со овој израз не се опфатени болката или страдањето кои настануваат, се неделиви или поврзани со законито изречени санкции.
2. Овој член не влијае негативно врз било кој меѓународен инструмент или национален закон кој содржи или може да содржи одредби со поширока примена.“
60. Член 2, став 1 од Конвенцијата наложува државите да преземат „ефикасни законски, административни, судски или други мерки за спречување на акти на тортура на секоја територија под нивна јурисдикција“.
61. Член 4 ги обврзува државите да осигураат дека сите акти на тортура, вклучувајќи го и обидот за вршење на тортура или акт кој претставува соучество или учество во вршењето тортура, се кривични дела согласно домашниот закон.
62. Член 5 предвидува:
„1. Секоја држава договорнича презема мерки кои се потребни за да ја утврди својата надлежност за кривичните дела споменати во член 4 во следните случаи:
(a) Кога кривичните дела се извршени на било која територија под нејзина јурисдикција или на брод или воздухоплов регистриран во таа држава;
(б) Кога наводниот извршител е државјанин на таа држава;
(в) Кога жртвата е државјанин на таа држава ако државата смета дека е тоа соодветно.
2. Секоја држава договорничка исто така ќе преземе мерки кои се потребни за да утврди надлежност за такви кривични дела во случаи во кои наводниот извршител се наоѓа на било која територија под нејзина јурисдикција и нема да го екстрадира по основ на член 8 во ниту една од државите споменати во став 1 од овој член.
3. Оваа Конвенција не исклучува надлежност во кривични предмети заснована врз националното право.“
63. Член 14 предвидува:
„1. Секоја држава договорничка во својот правен систем ќе осигура дека жртвата на акт на тортура ќе добие обештетување и дека има извршно право на правичен и соодветен надомест, вклучително и со средства за што поцелосна рехабилитација. Во случај на смрт на жртвата како последица на акт на тортура, лицата кои таа ги издржувала имаат право на надомест на штета.
2. Овој член не исклучува било какво право на жртвата или други лица на надомест на штета кое е предвидено со домашното право.“
64. При ратификација на Конвенцијата против тортура, Соединетите Американски Држави доставиле резерва во која кажале дека нивно сфаќање на член 14 е дека тој наложува државата договорничка да обезбеди приватно право на тужба за надомест на штета само за акти на тортура извршени на територија под јурисдикција на таа држава договорничка.
65. Комитетот за тортура, во своите заклучоци и препораки од 12 јуни 2002 година во врска со периодичниот извештај поднесен од Саудиска Арабија (CAT/C/CR/28/5), сметал дека е загрижувачки што во Саудиска Арабија, очигледно не се обезбедувале ефикасни механизми за водење на истрага за наводи за повреда на Конвенцијата против тортура; и дека иако постоеле механизми за обезбедување на надомест на штета за повреда на Конвенцијата, во пракса надоместот ретко се добивал и затоа целосното уживање на правата гарантирани со Конвенцијата било лимитирано.
66. Во своите заклучоци и препораки од 7 јули 2005 година во врска со периодичните извештаи поднесени од Канада (CAT/C/CR/34/CAN), Комитетот сметал дека е загрижувачки што во Канада немало ефикасни мерки за обезбедување на граѓански надомест на штета на жртвите од тортура во сите случаи. Имено, иако надомест за штета од акти на тортура извршени на територија на Канада постоел, таквиот надомест не бил достапен ако тортурата била извршена надвор од Канада. Комитетот препорачал Канада „да ја преиспита својата позиција од аспект на член 14 од Конвенцијата за да осигура надомест на штета во граѓанска постапка за сите жртви од тортура“.
67. Во својот генерален коментар бр. 3 (2012), Комитетот ја анализирал имплементацијата на член 14 од страна на државите договорнички. Во однос на обемот на правото на обештетување, Комитетот, помеѓу другото, воочил:
„22. Согласно Конвенцијата, државите договорнички се должни кривично да гонат или екстрадираат наводни извршители на тортура кога тие се наоѓаат на било која територија под нивна јурисдикција, и да донесат соодветни закони кои тоа ќе го овозможат. Комитетот смета дека примената на член 14 не е лимитирана на жртви кои биле оштетени на територијата на држава договорничка или од страна на или против државјани на држава договорничка. Комитетот ги поздрави напорите на државите договорнички во обезбедување на правни лекови во граѓанска постапка за жртви кои биле подложени на тортура надвор од нивна територија. Ова е особено важно кога жртвата не може да ги користи своите права од член 14 на територијата на која настанала повредата. Всушност, член 14 наложува државите договорнички да настојуваат сите жртви од тортура и малтретирање да имаат пристап до правен лек [sic] и да добијат обештетување.“
68. Што се однесува на прашањето за имунитет на државите и пречките при добивањето на обештетување, Комитетот кажал:
„42. Исто така, давањето на имунитет, спротивно на меѓународното право, на било која држава или нејзини службени лица или недржавни субјекти при наводи за тортура или малтретирање, е во директен конфликт со обврската да се обезбеди обештетување на жртвите. Кога неказнивоста е дозволена со закон или постои де факто, тоа ги спречува жртвите да бараат целосно обештетување затоа што допушта извршителите да останат неказнети и на жртвите им оневозможува целосно гарантирање на нивните права од член 14. Комитетот потврдува дека во ниту едни околности националната безбедност не може да се употреби како аргумент за на жртвите да не им се даде обештетување.“
69. Во случајот Обвинителот против Furundzija (1999) 38 ILM 317, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија одлучил дека забраната за тортура има статус јус когенс, и со неа се изразувало сфаќањето дека забраната станала еден од најосновните стандарди на меѓународната заедница. Слични изјави биле дадени во одлуките во случаите Обвинителот против Delacic и други (16 ноември 1998, cлучај бр. IT-96-21-T) и Обвинителот против Kunarac (22 февруари 2001, случај бр. IT-96-23-T and IT‑96‑23/1).
Б. Имунитет на државите
1. Европска конвенција за имунитет на државите од 1972 година („Конвенцијата од Базел“)
70. Конвенцијата од Базел е потпишана од девет држави членки на Советот на Европа и ратификувана од осум, вклучително и од Обединетото Кралство во 1979 година.
71. Врз основа на член 15 од Конвенцијата, државите договорнички имаат имунитет од надлежност на суд на друга држава договорничка освен ако постапката е од видот на постапки за кои станува збор од член 1 до член 14 од Конвенцијата. Член 27 предвидува дека изразот „држава договорничка“ не подразбира друг правен субјект на државата договорничка кој е одвоен од неа и може да тужи или да биде тужен, дури и ако на тој ентитет му се доверени државни функции.
72. Од член 1 до член 14 се говори за постапки во врска со договори за вработување (член 5); учество во компании или други колективни тела (член 6); комерцијални трансакции (член 7); интелектуална и индустриска сопственост (член 8); сопственост, посед и користење на имот (член 9); телесни повреди или штета на имот предизвикана со акт или пропуштање кое настанало на територија на државата во која се води постапката (член 11); и арбитражни спогодби (член 12).
73. Член 24 дозволува државата да даде декларација, и покрај одредбите од член 15, во случаи кои не потпаѓаат во случаите предвидени од член 1 до член 13, дека нејзините судови ќе имаат право да водат постапка против друга држава договорничка на ист начин на кој тие имаат такво право против држави кои не се договорни страни на Конвенцијата. Шест држави, меѓу кои и Обединетото Кралство, имаат поднесено таква декларација.
2. Конвенција на Организацијата на Обединетите нации за имунитет на државите и нивниот имот од судска надлежност („Конвенција на ООН за имунитет од судска надлежност“)
74. Во 1991 година, Комисијата за меѓународно право („Комисијата“), ги усвои Нацрт членовите за имунитет од судска надлежност на државите.
75. Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност, заснована, на Нацрт членовите, беше усвоена во 2004 година. Четиринаесет држави се договорни страни на Конвенцијата, а уште осумнаесет други држави се потписнички. Таа сè уште не е влезена во сила затоа што за тоа се потребни триесет ратификации. Обединетото Кралство, ја има потпишано, но не и ратификувано, додека пак Саудиска Арабија пристапи кон Конвенцијата на 1 септември 2010 година.
76. Член 5 како општ принцип предвидува дека државата ужива имунитет од надлежност на судовите на друга држава. Член 2(1)(б)(iv) под изразот „држава“ вклучува претставници на државата кои постапуваат во тоа својство. Коментарот на Комисијата за одредбата во Нацрт членовите од 1991 година (каде стои како член 2(1)(б)(v)) го појаснува следното:
„(17) Петтата и последна категорија на лица за кои важи имунитетот на државата се однесува на сите физички лица кое се овластени да ја претставуваат државата во сите нејзини облици, во смисла на првите четири категории во параграф 1 (б) (i) до (iv). Tака, суверените и шефовите на државите во нивното службено својство ќе влезат и во оваа и во првата категорија, затоа што се во поширока смисла органи на власта на државата. Помеѓу други такви претставници спаѓаат шефови на влади, раководители на министерства, амбасадори, шефови на мисии, дипломатски службеници и конзуларни службеници, во нивното својство на претставници на државата. Споменувањето на крајот на став 1(б)(v) на изразот „во тоа својство“ е со намера да се појасни дека тој имунитет се доделува ratione materiae“.
77. Член 6(1) oд Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност предвидува дека една држава ќе му даде правно дејство на имунитетот на држава воздржувајќи се од вршење на надлежност во постапка против друга држава од страна на сопствените судови. Согласно член 6(2) постапка пред суд на една држава ќе се смета дека била иницирана против друга држава ако таа држава е посочена како странка на таа постапка или ако не е именувана како странка, но со постапката се настојува да бидат засегнати нејзиниот имот, права, интереси или активностите кои таа друга држава ги спроведува.
78. Во третиот дел од Конвенцијата се наведуваа постапките во кои не е можно повикување на имунитет на државата. Во нив спаѓаат постапки во врска со: комерцијални трансакции (член 10); договори за вработување (член 11); телесни повреди или штета на имот предизвикана со акт или пропуштање кое настанало на територија на државата во која се води постапката (член 12); сопственост, посед и користење на имот (член 13); интелектуална и индустриска сопственост (член 14); учество во компании или други колективни тела (член 15), бродови во сопственост на државата или со кои таа управува (член 16) и арбитражни спогодби (член 17).
79. Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност не содржи исклучок од имунитет на државите заснован на наводна повреда на јус когенс норми („јус когенс исклучок“). На своето педесет и прво заседание, во 1999 година, Комисијата основа работна група за имунитет на државите и нивниот имот од судска надлежност во согласност со резолуцијата на Генералното собрание 53/98 во врска со тогашните Нацрт членови. Во својата резолуција, Генералното собрание ја повикало Комисијата да презентира какви било прелиминарни забелешки во однос на неодговорени материјални прашања поврзани со нацрт членовите, имајќи ги предвид поновите промени во праксата на државите и други фактори кои се појавиле после усвојувањето на Нацрт членовите. Затоа работната група помеѓу другото ја анализирала поновата пракса за имунитет од судска надлежност во оваа област. Комисијата воочила понови промени во практиката и законите на државите и се повикала на постоење на определен степен на поддршка за ставот дека службените лица не треба да имаат право да се повикаат на имунитет за акти на тортура извршени на територијата на државите кои ги претставуваат ниту во граѓанска ниту во кривична постапка. Пред усвојувањето на Конвенцијата во 2004 година не бил предложен ниту еден амандман.
80. Tри држави дале декларации при ратификација на Конвенцијата. Норвешка и Шведска изјавиле дека Конвенцијата била без влијание на можни идни меѓународни промени во врска со заштитата на човековите права. Швајцарија сметала дека член 12 не го регулира прашањето за паричен надомест на тешки повреди на човековите права за кои има наводи дека може да ѝ си припишат на државата и кои биле извршени надвор од државата во која се води постапката. Затоа, како и Норвешка и Шведска, таа поднесла декларација дека Конвенцијата не влијае врз промени во меѓународното право во тој поглед.
3. Релевантна судска пракса на меѓународни судови
(a) Обвинителот против Blaškić (1997) 110 ILR 607
81. Во случајот Blaškić, испитувајќи дали службени лица биле лично одговорни за противправни акти, Жалбениот совет на Хашкиот трибунал објаснил:
„38. Жалбениот совет ја отфрла можноста Меѓународниот трибунал да достави покани до службени лица кои постапуваат во службено својство. Тие лица се само инструменти на државата и нивните службени постапки може да ѝ се припишат само на државата. Тие не можат да бидат предмет на санкции или казни за постапување кое не е во приватно својсто, туку преземено во име на државата. Со други зборови, службените лица не можат да ги сносат последиците за противправни акти кои не можат да им се припишат ним лично, туку на државата во чие име тие постапуваат: тие имаат таканаречен „функционален имунитет“. Ова е воспоставено правило на меѓународното обичајно право кои датира од осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век, и кое оттогаш е потврдувано многу пати. Во поново време, Франција зазеде став заснован на тоа правило во случајот Rainbow Warrior. Tоа правило беше исто така јасно изречено од Врховниот суд на Израел во случајот Eichmann.
...
41. ... Добро е познато дека меѓународното обичајно право ја штити внатрешната организација на секоја суверена држава: ѝ препушта на секоја суверена држава да ја утврди својата внатрешна структура и посебно, да ги именува лицата кои ќе постапуваат како службени лица или органи. Секоја суверена држава има право да издава инструкции на своите органи, и на тие кои функционираат на домашно ниво и на оние кои работат во областа на меѓународните односи, како и да предвид санкциии или други правни лекови во случај на неисполнување на тие инструкции. Резултат на оваа ексклузивна надлежност, е дека секоја држава има право да бара актите или транскациите преземени од еден од нејзините органи во службено својство, да ѝ бидат припишани на државата, така што тој орган не може да се повика на одговорност за тие акции или транскации (фуснотите се изоставени)
(б) Обвинителот против Furundzija
82. Во Furundzija, Хашкиот трибунал не го анализирал директно прашањето за имунитет, но говорел за личната одговорност за извршителите на тортура и за можноста за иницирање на постапка за претрпена тортура:
„155. Фактот дека тортурата е забранета со перемпторна норма на меѓународното право има други ефекти на ниво на односи помеѓу државите и во однос на поединци. Што се однесува на односи помеѓу државите, тоа служи за да се избегне давање на легитимитет на било каков законски, адмиинистративен или судски акт со кој се дозволува тортура. Би било бесмислено да се тврди, од една страна, дека поради јус когенс карактерот на забраната на тортура, меѓународните договори или обичајните правила кои предвидуваат тортура би биле ништовни ab initio, а потоа да не се внимава на држава која, на пример, презема домашни мерки со кои се дозволува или поддржува тортура или со која извршителите се ослободуваат со закон за амнестија. Доколку дојде до таква ситуација, националните мерки, со кои се повредува општото начело и било која одредба од меѓународен договор, би ги имале правните последици анализирани погоре, а покрај тоа, не би им била дадена меѓународна правна потврда. Потенцијалните жртви би можеле да иницираат постапка доколку имаат locus standi пред належен меѓународен или домашен судски орган со цел да побараат тој да одлучи дека домашната мерка е спротивна на меѓународното право, или пак жртвата и можела да поднесе тужба за надомест на штета во граѓанска постапка пред странски суд, кој затоа помеѓу другото би бил замолен да ја занемари правната вредност на домашниот акт со кој се дозволува тортурата. Уште поважно е што извршителите на тортура кои постапуваат по или имаат корист од националните мерки може сепак да бидат кривично одговорни за тортура, дали во странска држава, или во домашната држава при промена на режимот. Накусо, и покрај можна дозвола од домашни законодавни или судски органи да се повреди начелото на забрана на тортура, поединците се обврзани да го почитуваат тоа начело. Како што кажа Меѓународниот трибунал во Нирнберг: „поединците имаат меѓународни обврски кои ги надминуваат домашните обврски на почитување на конкретната држава“ (фуснотите се изоставени)
(в) Демократска Република Конго против Белгија [2002] ICJ Збирка пресуди бр. 3 („Случај во врска со налог за апсење“) [Democratic Republic of the Congo v. Belgium [2002] ICJ Rep 3 (“the Arrest Warrant case”)]
83. Белгија издала налог за апсење на министерот за надворешни работи на Демократска Република Конго за тешки повреди на Женевските конвенции и злосторства против човештвото. Меѓународниот суд на правдата рекол дека меѓународното пренесување на налогот не ги почитувало имунитетот од кривична постапка и неповредливоста која министерот ја уживал согласно меѓународното право. Судот нагласил дека случајот се однесувал само на имунитет во кривична постапка и неповредливоста на министерот за надворешни работи. Имунитетот даден на тоа лице го штител од секој акт на власт на друга држава кој би го попречил во извршувањето на неговите должности. Не можело да се прави разлика помеѓу акти извршени од министерот за надворешни работи во „службено“ својство, и оние за кое се тврдело дека ги направил „како приватно лице“. Судот додал:
„59. Исто така треба да се воочи дека правилата со кои се регулира надлежноста на домашните судови мора вниматело да се одделат од оние со кои се регулира имунитет од судска надлежност: надлежност не значи дека не постои имунитет, додека пак непостоењето на имунитет не подразбира надлежност. Така, иако повеќе меѓународни конвенции за спречување и казнување на определени тешки кривични дела, на државите им наметнуваат обврска за кривично гонење или екстрадиција, на тој начин обврзувајќи ги да ја прошираат својата надлежност, тоа проширување на ниту еден начин не влијае врз имунитетот предвиден во меѓународното обичајно право, вклучително и врз имунитетот на Министерот за внатрешни работи ...“
84. Во нивното издвоено мислење судиите Higgins, Kooijmans и Buergenthal забележале дека имунитетот и надлежноста биле две одделни норми на меѓународното право, но дека тие биле „неразделно поврзани“. Во однос на надлежноста, судиите забележале:
„Во граѓански предмети веќе забележуваме почетоци на многу широка форма на екстериторијална надлежност. Согласно Законот за надомест на штета предизвикана од странци, Соединетите Американски Држави, врз основа на Закон од 1789 година, утврдија надлежност и за повреди на човекови права и за потешки повреди на меѓународното право, извршени од странски државјани во странство. Таква надлежност, со можност да се нареди исплата на штета, е применета во однос на повеќе земји (Парагвај, Чиле, Аргентина, Гватемала), и во однос на други поголеми повреди на човекови права во други земји. Иако оваа еднострана примена на функцијата на чувар на меѓународните вредности беше предмет на широки дискусии, таа не доби поддршка од другите земји.“
85. Во однос на имунитетот, тие детектирале тренд кон отфрлање на неказнивоста за тешки кривични дела против меѓународното право, поширока надлежност и дека достапноста на имунитетот како штит од судски постапки станувала поограничена. Тие додале:
„Во литературата сè повеќе се тврди ...дека тешките кривични дела против меѓународното право не може да се сметаат за службени акти затоа што тие не се ниту дел од нормалните функции на државата ниту пак функции кои државата може сама да ги извршува(за разлика од поединците) ... Овој став е нагласен со сè поголемото сфаќање дека мотивите на државата не се соодветниот критериум за утврдување на што тоа претставува акт на државата. Овој став постепено се изразува и во праксата на државите, како што се гледа од судски одлуки и мислења.“
(г) Случај кој се однесува на определени прашање за меѓусебна правна помош во кривични предмети (Џибути против Франција), 4 јуни 2008 година („Џибути против Франција“) [Concerning certain questions of mutual assistance in criminal matters (Djibouti v. France), 4 June 2008 (“Djibouti v. France”)]
86. Во случајот се одлучувало за имунитет од кривично гонење во Франција на републичкиот Прокуратор [procureur de la République] и на шефот на Службата за национална безбедност на Џибути. Меѓународниот суд на правдата забележал:
„194. ... Нема основ во меѓународното право за да може да се каже дека функционерите за кои станува збор имале право на личен имунитет, затоа што тие не се дипломати согласно Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, а Конвенцијата за специјални мисии од 1969 години не е применлива во овој случај.“
87. Што се однесува на постоењето на имунитет ratione materiae, Меѓународниот суд на правдата објаснил:
„196. Во ниту еден момент француските судови (пред кои oобично требало да биде поднесено оспорувањето на надлежноста), ниту пак овој Суд, не беа информирани од Владата на Џибути дека актите на кои Франција се жали се акти на Џибути, и дека procureur de la République и шефот на Службата за национална безбедност биле органи, агенции или инструменти на Џибути при исполнувањето на спорните акти.
Од државата која бара имунитет за еден од нејзините државни органи се очекува да ги извести властите на другата засегната држава. Тоа ќе му овозможи на судот на државата во која се води постапката да осигура дека нема да пропушти да испочитува било какво право на имунитет и на тој начин да доведе до одговорност на таа држава. Понатаму, државата која известува странски суд дека судската постапка не треба да се води, поради имунитет, против нејзините органи, презема одговорност за актот со кој се крши меѓународното право извршен од тие органи.“
(д) Имунитет на државата од судска надлежност (Германија против Италија), 3 февруари 2012 година [Jurisdictional Immunities of the State (Germany v. Italy)]
88. Случајот бил инициран со тужба поднесена од Германија после низа на пресуди на италијански судови во кои било утврдено дека германската држава немала право на имунитет во врска со наводите за повреди на меѓународното хуманитарно право извршени од Германија во Италија во текот на Втората светска војна и со кои на Германија ѝ се наредува плаќање на надомест на штета. Италијанската Влада дала два аргументи: прво, дека доктрината за имунитет на државите дозволувала исклучок кога противправните акти биле извршени на територија на државата во која е поднесена тужбата („начело на територијален деликт“), и второ, дека било дозволено согласно меѓународното право да не се даде имунитет на државата кога тужбата се однесува на меѓународно кривично дело кое подразбира повреда на јус когенс норма за која не постои друг вид на обештетување („исклучок за човекови права“).
89. Правото на имунитет на државата како во случајот со Германија и Италија произлегувало од меѓународното обичајно право. Меѓународниот суд на правдата затоа испитал дали постои „воспоставена пракса“ заедно со правно мислење во врска со постоењето на имунитет. Судот сметал дека правилото за имунитет на државите било усвоено како општо правило на меѓународното обичајно право и дека заземало важно место во меѓународното право и меѓународните односи.
90. Судот го отфрлил начелото за територијален деликт на кое се повикала италијанската Влада. Што се однесува на исклучокот за човекови права, судот сметал дека тоа претставувало логистички проблем затоа што наложувал мериторно испитување пред да се утврди прашањето за надлежност. Покрај тој проблем, судот забележал дека немало речиси никаква пракса на државите која можело да се смета дека е во прилог на ставот дека државата немала право на имунитет во таков случај, ниту пак таков исклучок бил предвиден во Конвенцијата од Базел или Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност (види, соодветно, параграфи 70-73 и 75-80 погоре). Судот иста така се повикал на заклучоците од 1999 година на работната група на Комисијата за меѓународно право и фактот дека немало амандмани на Нацрт членовите од 1991 година пред усвојувањето на Конвенцијата на ООН во 2004 година (види параграф 79 погоре).
91. Од друга страна, Меѓународниот суд на правдата забележал дека постои обемна пракса на државите која покажувала дека во обичајното право правото на имунитет не зависи од тежината на актот за кој државата е обвинета или перемпторниот карактер на правилото за кое се тврди дека таа го прекршила, цитирајќи пресуди од домашни судови во Канада, Франција, Словенија, Нов Зеланд, Полска и Обединетото Кралство. Судот направил разлика со пресудата во Pinochet (бр. 3) од причина што таа се однесувала на имунитет на поранешен шеф на држава од кривична постапка, а не на имунитет на самата држава во граѓанска постапка за утврдување на нејзина одговорност за штета. Судот понатаму посочил кон пресудата на овој Суд [за човекови права] во Al-Adsani, цитирана погоре, и одлуката донесена после тоа во Kalogeropoulou и други против Грција и Германија (одлука), бр. 59021/00, ECHR 2002-X, во кои не биле утврдени убедливи основи за да се заклучи дека, од аспект на меѓународното право, државата повеќе не уживала имунитет од тужба во граѓанска постапка кога има наводи за тортура.
92. Судот на правдата затоа заклучил дека согласно меѓународното обичајно право какво што важело во моментот на неговата пресуда, државата не го губела имунитет поради фактот што била обвинета за тешки повреди на меѓународното право за човекови права или меѓународното хумантирано право. Судот понатаму кажал:
„91. ... При носењето на овој заклучок, Судот мора да нагласи дека тој го анализираше само имунитетот на самата држава од надлежност на судови на други држави; прашањето дали, и ако да, во кој обем, имунитетот може да се примени во кривична постапка против функционер на државата не е предмет на разгледување во овој случај.“
93. Анализирајќи го односот помеѓу јус когенс и правилото за имунитет на државите, судот заклучил дека немало конфликт помеѓу нив. Овие два вида на правила се однесувале на различна материја: правилата за имунитет на државите биле процедурални и биле сведени на одлука дали судовите на една држава можеле да имаат надлежност во однос на друга држава, тие немале влијание врз прашањето дали постапувањето во врска со кое е иницирана постапка било законито или не. Исто така немало основа за да се заклучи дека правило кој немало јус когенс статус не можело да се примени ако со неговата примена би се попречило спроведувањето на правило јус когенс. Во тој поглед судот се повикал, меѓу другото, на неговата пресуда во случајот Arrest Warrant (види параграф 83 погоре), пресудата на Домот на лордови во сегашниот случај и пресудата на Судот во Al-Adsani.
94. На крајот, судот го отфрлил аргументот дека барањето на имунитет можело да биде одбиено кога сите обиди да се добие надомест на штета не успеале. Судот не утврдил основа во праксата на државите за да се каже дека во меѓународното право, правото на државата на имунитет зависело од постоење на ефикасни алтернативни постапки за барање на обештетување. Судот понатаму посочил на практичните тешкотии до кои таков исклучок би довел.
4. Работа на Комисијата за меѓународно право во врска со имунитет на службени лица во кривична постапка пред странски суд
95. Во 2007 година, Комисијата одлучила во својата програма за работа да ја вклучи темата „Имунитет на службени лица во кривична постапка пред странски суд“ и го именувала г-н Kolodkin за Специјален известувач. Г-н Kolodkin доставил три извештаи, во кои тој ги утврдил рамките во кои темата треба да се анализира, анализирал повеќе материјални прашања во врска со имунитет на службени лица во кривична постапка пред странски суд и анализирал процедурални прашања поврзани со тој вид на имунитет. Неговите извештаи биле анализирани од Комисијата и од Шестиот комитет на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации во 2008 и 2011 година. На 22 мај 2012 година г-ѓа Hernández била именувана како Специјален известувач, заменувајќи го г-н Kolodkin, кој повеќе не бил член на Комисијата. Г-ѓа Hernández доставила прелиминарен извештај за имунитетот на службени лица во кривична постапка пред странски суд, кој Комисијата го разгледала во 2012 година. Таа доставила втор извештај во 2013 година.
96. Во неговиот втор извештај, г-н Kolodkin ги анализирал различните ставови во врска со таквиот вид на имунитет. Тој заклучил:
„18. И покрај постоењето на различни мислења во правната доктрина, прилично широко е прифатено дека имунитетот од странска судска надлежност е општото правило, вообичаена состојба, и неговото непризнавање во конкретни случаи е исклучок од тоа правило. Она што е важно е дека ако случајот се однесува на високи функционери, други службени лица или акти на поранешни функционери извршени додека тие биле на должност, во службено својство, тогаш постоењето на исклучок од тоа правило, што значи непостоење на имунитет, мора да се докаже, а не треба да се докаже постоење на ова правило и последователно и постоење на имунитет. Со оглед на тоа што имунитетот е заснован на општото меѓународно право, неговото непостоење ..може да биде докажано или преку постоење на специјална норма или преку постоење на пракса и opinio juris, кои покажуваат дека се појавиле или се појавуваат исклучоци на општото правило ...“
97.Во однос на прашањето за применливост на имунитетот ratione materiae за противправни акти, тој кажал:
„31. ... Tврдењето дека имунитетот не се однесува на такви акти го прави бесмислен самиот поим на имунитет. Прашањето на вршење на кривична надлежност над било кое лице, вклучувајќи странски функционер, се поставува само кога има сомневање дека неговото однесување е незаконско, и, казниво со кривичен закон. Затоа, точно во тој случај имунитетот од странска кривична надлежност е неопходен ...“
98. Г-н Kolodkin исто така ја анализирал дебатата во врска со можноста за исклучок од јус когенс норма, и кажал:
„56. Потребата за постоење на исклучоци од имунитет е објаснета, пред сè, со обврските за заштита на човековите права од најфлагрантните и најобемните повреди и за борба со неказнивоста. Дебатата овде е во врска со потребата да се заштитат интересите на меѓународната заедница како целина, и, соодветно на тоа, со фактот дека тие интереси, како и потребата за справување со тешки кривични дела против меѓународното право, најчесто извршувани од службени лица, диктираат потреба тие да се повикаат да дадат отчет за нивните дела на било која држава која има надлежност. Тоа, од друга страна, наложува да постојат исклучоци од имунитет на службени лица од водење кривична постапка пред странски суд.
Исклучоците ... се образложени на повеќе начини. Главните образложенија се сведуваат на следното. Прво, како што веќе беше кажано, постои став дека тешките кривични дела извршени од службено лице според меѓународното право не можат да се сметаат за акти извршени во службено својство. Второ, се смета дека затоа што меѓународно кривично дело извршено од службено лице во службено својство се припишува не само на државата, туку и на службеното лице, тогаш тоа лице не е заштитено со имунитет ratione materiae во кривична постапка. Трето, се посочува дека перемпторните норми на меѓународното право кои забрануваат и со кои се криминализираат определени акти имаат поголема правна сила од норми кои се однесуваат на имунитет и го прават имунитетот неважечки кога се применува на кривични дела од овој вид. Четврто, се кажува дека во меѓународното право се појавила норма на меѓународното обичајно право, која предвидува исклучок од имунитетот ratione materiae во случај кога службено лице извршило тешки кривични дела според меѓународното право. Петто, се создава врска помеѓу постоењето на универзална надлежност за најтешките кривични дела и невалидноста на имунитетот кој важи за такви кривични дела. Шесто, се гледа слична врска помеѓу обврската aut dedere aut judicare и за неважењето на имунитетот за кривични дела во однос на кои таква обврска постои“ (фуснотите се изоставени).
99. Тој забележал дека ставот дека тешките дела против меѓународното право не можеле да се сметаат за акти извршени во службено својство, и дека затоа имунитетот ratione materiae не штител од странска кривична надлежност употребена во врска со такви дела, станал прилично широко прифатен. Во нејзиниот прелиминарен извештај, г-ѓа Hernández ја резимирала дискусијата на Комисијата по ова прашање на следниот начин:
„35. Членовите на Комисијата исто така ги изразија нивните мислења за концептот на „службен акт“ од гледна точка на неговиот опсег и неговиот однос со меѓународната одговорност на државите. Некои членови сметаа дека секој акт кој бил, или се чини дека бил извршен од страна на „службено лице“ мора да се дефинира ккао службен акт за која важи имунитет. Сепак, други членови се согласуваа со рестриктивна дефиниција на изразот „службен акт“, исклучувајќи однесување кое може, на пример, да претставува меѓународно кривично дело. Некои членови беа во полза на тоа концептот „службен акт“ да се третира различно во зависност од тоа дали актот ѝ бил припишан на државата во контекст на одговорност или на поединци во контекст на кривична одговорност и имунитет.“
100. Во нејзиниот втор извештај, г-н Hernández ја објавила првата група на нацрт членови, со кои се регулираат дефиниции и опсегот на имунитетот ratione personae во кривична постапка. Третиот извештај кој се однесува на имунитетот ratione materiae во кривична постапка, вклучувајќи дискусии за концептот „службен акт“ и релевантни нацрт членови, се очекува да бидат доставени до Комисијата на нејзиното заседание во 2014-та година.
101. Сите пет извештаи се однесуваат на имунитет на службени лица од кривична, но не граѓанска постапка пред странски суд.
5. Резолуција на Институтот за меѓународно право од 2009-та година
102. Институтот за меѓународно право е основан во 1873-та година од страна на еминентни професори по меѓународно право и има за цел да промовира напредок на меѓународното право. Институтот усвојува резолуции од нормативен карактер за кои се информираат владини органи, меѓународни организации и научната заедница. На тој начин, Институтот настојува да ги истакне карактеристиките на постоечкото право со цел да промовира негово почитување. Понекогаш тој прави анализи de lege ferenda (што значи, за правото во иднина) со цел да придонесе кон развојот на меѓународното право.
103. На неговата седница во Неапол во 2009-та година, Институтот за меѓународно право донесе резолуција за имунитет од надлежност на државата и службени лица во случаи кои се однесуваат на меѓународни кривични дела. Член 1 ја дефинира „надлежноста“ дека подразбира кривична, граѓанска и управна надлежност на националните судови, и дека во „меѓународните кривични дела“ спаѓа и тортурата.
104. Во член 2 од резолуцијата се наведуваат начелата. Во тој член се објаснува дека врз основа на меѓународните договори и меѓународното обичајно право, државите имаат обврска да ги спречат и казнуваат меѓународните кривични дела, и дека имунитетот не треба да биде пречка за соодветно обештетување на кое жртвите имаат право. Државите се повикуваат да размислат за откажување од имунитет кога меѓународните кривични дела се наводно извршени од нивни службени лица.
105. Член 3 од резолуцијата, насловен “Имунитет на лица кои постапуваат во име на државата“, предвидува:
„1. Никаков друг имунитет освен личниот имунитет во согласност со меѓународното право не се применува за меѓународни кривични дела.
2. Кога позицијата или мисијата на било кое лице кое ужива личен имунитет ќе заврши, таковиот личен имунитет престанува да важи.
3. Горенаведените одредби не влијаат врз:
(a) одговорност според меѓународното право на лице споменато во претходниот став;
(б) припишувањето одговорност на некоја држава за актот кој претставува меѓународно кривично дело извршен од лица од претходниот став.“
106. Член 4, насловен „Имунитет на државите“ предвидува:
„Горенаведените одредби не влијаат врз прашањето дали и кога една држава ужива имунитет од надлежност пред националните судови на друга држава во граѓанска постапка во врска со меѓународно кривично дело извршено од службено лице на првата држава.“
В. Одговорност на државите
107. Комисијата за меѓународно право ги објави Нацрт членовите за одговорност на државите во 2001 година. Член 4 ја предвидува одговорноста на државата за постапувањето на нејзините органи:
„1. Постапувањето на било кој државен орган ќе се смета за акт на таа држава согласно меѓународното право, без разлика дали органот извршува законодавни, извршни, судски или било кои други функции, каква и позиција да има во организацијата на државата, и без оглед на неговиот карактер како орган на централната власт или на територијална единица на државата.
2. Под орган се подразбира секое лице или ентитет кој има таков статус во согласност со домашното право на државата.“
108. Врз основа на член 5, постапувањето на лицето или ентитетот кој не е орган на државата според член 4, но кои се „овластени со закон на таа држава да вршат елементи на државна власт“ ќе се смета за акт на државата според меѓународното право, под услов лицето или ентитетот да „постапуваат во тоа својство“ во конкретниот случај. Член 7 предвидува дека акти на службени лица со кои се пречекоруваат нивните овластувања или кои се спротивни на нивните инструкции ќе се сметаат за акти на таа држава од аспект на меѓународното право.
109. На крај член 58 ја појаснува позицијата во случај на истовремена индивидуална одговорност:
„Овие членови не влијаат врз било какво прашање за индивидуалната одговорност од аспект на меѓународното право на било кое лице кое постапува во име на држава.“
IV. РЕЛЕВАНТНИ СПОРЕДБЕНО-ПРАВНИ ДОКУМЕНТИ
110. Tужената Влада побара коментари за обемот на имунитет на државите предвиден во националното право на државите членки на Советот на Европа. Беа доставени одговори од дваесет и една земја (Албанија, Азербејџан, Белгија, Босна и Херцеговина, Република Чешка, Данска, Естонија, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Литванија, Поранешна Југословенска Република Македонија, Холандија, Норвешка, Полска, Русија, Шведска, Швајцарија и Турција). Од одговорите се гледа дека само неколку држави биле соочени во пракса со конкретниот проблем за тоа дали, според домашното или меѓународното обичајно право, постоел имунитет во граѓанска постапка за акти на тортура. Во ниту една држава не била испитана специјалната положба на службени лица на државата. Затоа нивните одговори во голема мера беа хипотетички и аналитички, а помалку засновани на конкретни предмети. Прашањето за надлежност исто така се појави во повеќе одговори: неколку држави потврдија дека нивните судови не би имале надлежност во случај на тортура извршена во странство од страна на странец, и како последица на тоа, прашањето дали би имало имунитет за одговорните службени лица не би се поставувало во пракса.
111. Тужената држава, жалителите и вмешувачите исто така доставија компаративни материјали кои го покажуваат правото и праксата на повеќе држави во светот. Неколку држави имаат воведено закони со кои се регулира имунитетот на државите и неколку домашни судови имаат донесено пресуди во конекст на граѓански и кривични предмети против службени лица. Следната анализа на домашни закони и судска пракса воглавно е фокусирана на граѓански предмети и не е исцрпна.
A. Граѓански тужби за наводна тортура
1. Соединети Американски Држави
(a) Надлежност
112. Законот на САД за надомест на штета предизвикана од странци од 1789-та година („Законот од 1789 -та “) утврдува сојузна надлежност за сите случаи во кои странец бил тужен за деликт извршен со повреда на меѓународно право или договор на Соединетите Американски Држави.
113. Во случајот Filartiga v. Pena-Irala (1980) 630 F 2d 876, Апелациониот суд (Втор округ) одлучил дека Законот од 1789-та година давал надлежност за тужба против полицаец од Парагвај за тортура. Се чини дека прашањето за имунитет на државата не било поставено пред судот, иако тужениот настојувал во жалбата да тврди дека ако спорниот акт бил акт на Владата на Парагвај, тужбата била забранета поради доктрината на акт на државата. Во одговор, судот рекол:
„Овој аргумент не беше претходно истакнат, и затоа ние нема да одлучуваме по жалба во тој поглед. Сепак, ние забележуваме дека се сомневаме дали постапка на службено лице со која се повредува Уставот и законите на Република Парагвај, и која во целост не е прифатена од власта, може да квалификува како акт на државата ... Со откажувањето на Парагвај од тортурата како инструмент на државна политика, сепак, на деликтот не му се одзема неговиот карактер на повреда на меѓународното право, доколку фактички се случил по државно овластување ...“
114. После таа пресуда, Законот за заштита на жртвите од тортура од 1991-ва година била донесен за да се кодифицира начинот на постапување потврден во случајот Filartiga и за тој да се прошири и на државјани на САД. Законот во член 2(a)(1) предвидува дека „лице кое, по основ на вистинско или наводно овластување, или врз основа на закон, на било која странска држава ... ќе подложи друго лице на тортура, во граѓанска постапка, ќе може да сноси одговорност за штета предизвикана на другото лице.“
115. Во случајот Sosa v. Alvarez-Machain 542 U.S. 692 (2004) Врховниот суд на САД разгледувал тужба поднесена врз основа на Законот од 1780-та помеѓу другото против мексикански државјани за киднапирање, наводно извршено во име на Владата на САД. Судот ја отфрлил тужбата затоа што сметал дека немало поддршка за наводот дека киднапирањето претставувало „повреда на правото на нациите“ и дека затоа тој немал надлежност. Не се поставило прашањето за имунитет на државата, но во неговото издвоено мислење, судијата Breyer анализирал дали вршењето на надлежност согласно Законот од 1789-та било во согласност со начелото на меѓународна учтивост [international comity]. Тој забележал:
„Денешното меѓународно право понекогаш ќе биде одраз не само на материјална согласност за определен вид на универзално осудувано однесување, туку исто така и на процедурална согласност дека постои универзална надлежност за кривично гонење на определен вид на такво однесување ... Тука спаѓаат тортура, геноцид, злосторства против човештвото, и воени злосторства.
...
Фактот дека постои таков процедурален консензус сугерира дека прифаќањето на универзална надлежност во однос на определена низа на норми е во согласност со начелата на меѓународна учтивост [international comity]. Tоа значи дека, ако се дозволи на судовите на секоја држава да судат за постапување во странство од страна на странци во таквите случаи, со тоа нема значително да се загрози практичната хармонија кое тоа начело настојува да ја заштити. Тој консензус се однесува на кривична постапка, но консензусот за универзална кривична надлежност сам по себе сугерира дека консензус за универзална надлежност за надомест на штета нема да биде ништо поопасна ... Тоа е затоа што кривичните судови на многу држави ги комбинираат граѓанската и кривична постапка, дозволувајќи им на оштетените да бидат претставувани и да бараат надомест на штета, во самата кривична постапка ... Затоа, универзалната кривична надлежност нужно подразбира определен степен и на надомест на штета од граѓанско-правен карактер“ (цитирањето на предмети е изоставено)
(б) Имунитет
(i) Имунитет на државата
116. Законот за суверен имунитет на странски држави од 1976 -та („Законот од 1976 -та“) го наведува обемот во кој странски држави може да бидат тужени пред судови на САД. За да ужива имунитет, тужената држава мора да докаже дека е „странска држава“ во смисла на законот. Изразот „странска држава“ вклучува административни единици, агенции или инструменти на странски држави.
117. Во повеќе случаи, Апелациониот суд заклучил дека Законот не содржел имплицитен исклучок на генералното доделување на суверен имунитет кога странска држава била обвинета за повреда на јус когенс норми (види Siderman de Blake против Аргентина (1992) 965 F.2d 699 (Деветти округ); Princz против Германија (1994) 26 F.3d 1166 (D.C. округ); и Smith против Либија (1997) 101 F.3d 239 (Втор округ); и Sampson против Германија (2001) 250 F.3d 1145 (Седми округ)).
(ii) Имунитет ratione personae за високи државни функционери
118. Во случајот Ye v. Zemin (2004) 383 F.3d 620 (Четврти округ), жалителите се жалеле против одлука на Окружен суд дека Претседателот на Кина уживал имунитет ratione personae, врз основа на такво тврдење на извршната власт, во однос на граѓанска тужба во која се наведуваат повреди на јус когенс норми. Tие тврделе дека извршната власт немала никакво овластување, според меѓународното обичајно право, да предложи имунитет во случај на повреда на јус когенс норми. Апелациониот суд воочил дека Законот од 1976 -та не го уредувал прашањето за имунитет на шефови на странски држави и дека општата пракса била да се прифати предлогот на извршната власт во такви случаи. Судот се повикал на неговата одлука во Sampson (види параграф 117 погоре) дека немало исклучок јус когенс во Законот од 1976-та, и заклучил дека затоа што одлуката на законодавецот да додели имунитет не можела да се оспори пред суд, не можела ниту одлуката на извршната власт да даде таков имунитет на функционерот. Судот се повикал на значајните последици на одлука да се признае имунитет за односите на државата со други држави.
(iii) Имунитет ratione materiae за други службени лица
119. Во Chuidian v. Philippine National Bank and Daza (1990) 912 F.2d 1095, Апелациониот суд (Деветти округ) заклучил дека изразот „странска држава“ кога бил употребен во Законот од 1976-та опфаќал и лице кое било дел од извршен орган на државата. Сепак, судот прифатил дека Законот не би штител службено лице кое постапува надвор од своите надлежности. Врз основа на тоа, Сојузните окружни судови на САД покасно одбивале да дадат имунитет на службени лица во Xuncax v. Gramajo (1995) 886 F. Supp 162 (тужба против висок армиски службеник на Гватемала и Министер за одбрана за акти на тортура) и Cabiri v. Assasie-Gyimah (1996) 921 F. Supp. 1189 (S.D.N.Y.) (тужба против советник за безбедност на Гана за акти на тортура). Судот во Xuncax коментирал дека актите „надминале било што, што законито може да се смета дека е во рамките на службената должност на Gramajo“ и дека тужениот во Cabiri не тврдел дека актите на тортура биле во опсег на неговото овластување и не тврдел дека таквите акти не биле забранети со законите на Гана, ниту пак можел тоа да го тврди.
120. Во Belhas v. Ya’alon (2008) 515 F.3d 1279 (D.C. округ), жалителите тврделе дека тужениот извршил повреди на јус когенс норми во текот на извршувањето на неговите должности на шеф на военото разузнавање. Апелациониот суд одлучил дека Законот од 1976-та бил применлив и дека немало ненаброени исклучоци од тој Закон (повикувајќи се на својата пресуда во случајот Princz, види параграф 117 погоре). Затоа тужителот уживал државен имунитет.
121. Во Matar v. Dichter (2009) 563 F.3d 6 (Втор округ), жалителот изјавил тужба против поранешниот шеф на Израелската служба за безбедност наведувајќи повреди на јус когенс норми. Претставници на извршната власт на Израел тврделе дека во случајот важел имунитет ratione materiae, Апелациониот суд одлучил дури и ако Законот од 1976-та не бил применлив затоа што тужен бил поранешен, а не актуелен функционер, тој би имал имунитет според прецедентното право. Судот воочил дека пред донесувањето на Законот, судовите согласно прецедентното право, ѝ го препуштале на извршната власт прашањето дали да се признае имунитет на странски суверени и нивните службеници. Тие начела важеле и после донесување на Законот. Што се однесува на постоење на јус когенс исклучок, судот се повикал на неговата одлука во случајот Smith (види параграф 117 погоре) дека во Законот нема таков исклучок и на одлуката во Ye (види параграф 118 погоре) дека нема таков исклучок во поглед на имунитет на лидери на странски држави во контекст на прецедентното право. Судот ја одбил тужбата.
122. Во Samantar v. Yousuf (2010) 130 S. Ct. 2278, Врховниот суд едногласно одлучил дека Законот од 1976-та не се однесувал на функционери на странски држави и дека нивниот имунитет бил регулиран со прецедентното право.Затоа тој го вратил на повторно одлучување прашањето дали тие функционери можеле да се повикаат на било кој вид имунитет од прецедентното право. Пред Окружниот суд и потоа и пред Апелациониот, г-н Samanter тврдел дека тој уживал и имунитет на шеф на држава и имунитет на странски функционер согласно прецедентното право. На 2 ноември 2012 година Апелациониот суд одлучил дека тој немал имунитет кој произлегува од прецедентното право во врска со граѓански тужби за тортура (699 F. 3d 763 (Четврти округ)). Судот најпрво одлучил дека судовите биле должни да ги прифатат наводите на извршната власт за тоа дали лицето имало имунитет на шеф на држава (ratione personae); во дадениот случај извршната власт сметала дека г-н Samanter немал право на таков имунитет. Второ, во врска со прашањето за имунитет на странски функционер (ratione materiae) Апелациониот суд кажал дека:
„За разлика од приватни акти кои не влегуваат во опсег на имунитетот на странски функциоер, повредите на јус когенс норми може да бидат навидум во рамките на законот, и во таа смисла, претставуваат акти извршени во текот на работата на странскиот функционер за дадена држава. Сепак, од аспект на меѓународно и домашно право, повредите на јус когенс норми, по дефиниција, се акти кои што не се официјално дозволени од суверенот.“
123. Судот забележал дека има тренд во меѓународното право кој сè повеќе оди во прилот на укинување на имунитет на странски функционери за лица кои извршиле акти, кои вообичаено би ѝ се припишале на државата, а со кои се повредуваат јус когенс норми. Судот сметал дека имало повеќе одлуки на странски судови кои покажувале подготвеност во кривична постапка да не се даде имунитет за службен акт при наводни повреди на јус когенс правила, повикувајќи се посебно на Pinochet (бр. 3) (види параграфи 44-56 погоре).Судот понатаму кажал:
„... Некои странски судови одбија имунитет за службени акти и разгледуваат граѓански тужби во кои се наведуваат повреди на јус когенс правила, но исклучокот од имунитет заснован на јус когенс се чини дека е помалу утврден во контекст на граѓанска постапка. Споредете го случајот Ferrini против Германијаv ... со Jones против Саудиска Арабија ...“
124. Судот одлучил:
„Американските судови генерално го следеа претходно наведениот тренд, заклучувајќи дека повредите на јус когенс не се легитимни службени акти и затоа не заслужуваат имунитет кој им следува на странски функционери, но сепак потврдувајќи дека имунитетот на шеф на држава, заснован на неговиот статус, е од апсолутен карактер и се применува дури и кога има наводи за повреда на јус когенс ... Ние заклучуваме дека, според меѓународното и домашното право, функционери од странски земји немаат право на имунитет при повреди на јус когенс, дури и ако актите се извршени од тужениот во службено својство.“
125. Тужителот доставил барање [certiorari] до Врховниот суд да го разгледа случајот. Судот сè уште нема донесена одлука по тоа барање.
2. Канада
126. Законот за имунитет на државите од 1985-та година („Законот од 1985-та “) го утврдува обемот во кој странски држави може да бидат тужени пред канадските судови. Законот е со слична формулација како и законот на САД. Поконкретно, за тужениот да има имунитет, тој мора да докаже дека се работи за „странска држава“ во смисла на Законот, а под тој израз се подразбира секој суверен или друг шеф на странска држава, секоја влада на странска држава или на административен дел од странската држава, вклучувајќи било кое од нејзините министерства, и секоја агенција на странската држава.
127. Во Jaffe v Miller 5 O.R. (2d) 133 Апелациониот суд во Онтарио одлучил дека вработени на странска држава додека постапуваат во вршење на нивните должности влегувале во поимот „држава“ согласно Законот и затоа имале имунитет. Фактот дека спорните акти биле наводно незаконски и извршени во лоша вера не значел дека тие нема да уживаат имунитет.
128. Во Bouzari против Исламска Република Иран (2004) 71 OR (3d) 675, тужителот изјавил тужба против Иран за надомест на штета за тортура која тој ја преживеал во ирански затвор. Апелациониот суд во Онтарио ја потврдил одлуката на понискиот суд дека тужбата не можела да се поднесе согласно Законот. Судот одлучил дека член 14 од Конвенцијата против тортура (види параграф 63 погоре) не предвидувал право на граѓански правен лек против странска држава за тортура извршена во странство. Истото важело и за меѓународното обичајно право: и покрај тоа што забраната на тортура била јус когенс правило, не постоел исклучок од имунитетот на државата во однос на тортура.
129. Во Hashemi против Исламска Република Иран и други, тужителот бил син на жена со двојно иранско и канадско државјанство која бил мачена во Иран и починала како последица на повредите. Тој побарал да поднесе граѓанска тужба против Иран, Ајатолахот Sayyid Ali Khamenei и две службени лица кои посочил дека учествувале во тортурата на неговата мајка. Неговото барање било одбиено во прв степен затоа што Иран, шефот на државата и двете службени лица имале државен имунитет според Законот.
130. На 15 август 2012 Апелациониот суд во Квебек ја потврдил пресудата на понискиот суд ((2012) QCCA 1449). Судијата ја анализирал пресудата на Судот на правдата во Германија против Италија (види параграфи 88-94 погоре) и прифатил врз основа на наодите на меѓународниот суд дека имунитетот на државите важел дури и во случаи на тортура. Тој понатаму одлучил дека во Канада, за разлика од САД, со законот целосно биле кодифицирани правилата за имунитет.
131. Во однос на тоа дали според Законот таков имунитет имале и двете службени лица, судијата рекол:
„[93] Со оглед на ... повеќе добро образложени пресуди на странски судови, уверен сум дека судијата од понискиот суд правилно одлучил дека Законот се однесува на поединечни службеници на странска држава. Ова прашање е веќе темелно анализирано...во Jaffe, случај одлучен од Апелациониот суд во Онтарио во 1993. Во предметот Jones, одлучен тринаесет години покасно, Домот на лордови ја преиначил одлуката на Апелациониот суд на Англија која ја прифатила аргументацијата со која се служеше тужителот во случајот кој сега се разгледува ...“
132. Во поглед на аргументот, дека актите на службените лица, по својот карактер, не им давале право да бараат државен имунитет, судијата рекол:
„[94] Повторно, уверен сум дека ова прашање е разрешено во релевантни прецеденти, од кои најнов е случајот Jones.“
133. Тој сметал дека аргументот бил идентичен со оној претходно истакнат во Jaffe и дека не одговарал на поимот на тортура дефиниран со повеќе правни инструменти, вклучувајќи ја Конвенцијата против тортура. Тој заклучил дека мислењето на лордот Hoffman од Домот на лордови во случајот на жалителите нудело целосно и убедливо побивање на аргументот дека спорното постапување „било толку противправно да морало да биде надвор од опсегот на службени активности“.
134. Во овој предмет беше дозволено поднесување на жалба до Врховниот суд и се очекува одржување на расправа во март 2014 година.
3. Нов Зеланд
135. На 21 декември 2006 година Високиот суд донел пресуда во Fang v. Jiang ([2007] NZAR 420). Тужителите барале дозвола за иницирање постапка против поранешни членови на кинеската Влада, наведувајќи, меѓу другото, акти на тортура Тие тврделе дека државниот имунитет не штител функционер од граѓански тужби за тортура. Судот во голем дел се повикал во пресудата на Домот на лордови во случајот кој сега се разгледува, и на релевантни меѓународни инструменти. Судот одлучил дека државниот имунитет индиректно давал имунитет ratione materiae на поединци, меѓу кои спаѓале поранешни шефови на држави и секој чие однесување при вршење на должност на државата било покасно оспорувано. Според судот немало исклучок од имунитетот на државите во случај на тужби против поединци за тортура, затоа што Конвенцијата против тортура предвидувала исклучок само за кривични предмети, Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност не содржела исклучок за акти на тортура, а прецедентното право на Нов Зеланд го одразувало меѓународното право. Судот заклучил:
„71. Може да има прилики кога судовите на Нов Зеланд ќе земат водство во признавањето на нови трендови во меѓународното право но ...јас сум уверен дека би било сосем несоодветно Нов Зеланд да заземе став кој се разликува од ставот утврден од Домот на лордови неодамна, после сеопфатна анализа на традиционалните извори на меѓународното право ...
72. Јас исто така не сум сигурен дека би било соодветно да се отстапи од убедливото образложение на Домот на лордови во предметот Jones, за кој сметам дека е соодветен на тоа што е предмет на анализа.“
136. Затоа не било дозволено поведување на постапка.
4. Австралија
137. Законот за имунитет на странски држави од 1985-та година („Законот за имунитет“) го утврдува обемот во кој странски држави може да бидат тужени пред австралиските судови. Член 9 од Законот предвидува имунитет од надлежност, а членовите 10-20 дефинираат исклучоци од член 9. За да може да ужива имунитет, тужениот мора да докаже дека се работи за „странска држава“ во смисла на Законот. Член 3(3) појаснува дека изразот „странска држава“ подразбира шеф на странска држава или административна единица на странската држава во нивно државно својство, владата или дел од владата на странска држава или административна единица на странска држава.
138. На 5 октомври 2010 година Апелациониот суд во Нов Јужен Велс ја донел својата пресуда во Zhang v. Zemin ([2010] NSWCA 255), каде се работи за граѓанска тужба поднесена против поранешен претседател на Кина, министерство на кинеската Влада, и член на Политбирото на Комунистичката партија на Кина. Судот одлучил дека Законот се однесувал и на поединечни службеници, забележувајќи дека тие имале право на имунитет согласно прецедентното право и дека Законот за имунитет во тој поглед не го променил прецедентното право. Затоа што целта на Законот не би била исполнета доколку било можно да се поднесе граѓанска тужба против поранешни функционери, Законот важел и за поранешни функционери.
139. Во однос на аргументот на тужителите дека постоел исклучок во меѓународното право при повреда на јус когенс, вклучувајќи го аргументот дека актите кои се спротивни на јус когенс не можеле да се извршат во државно или службено својство во смисла на имунитет, судот објаснил дека австралиските судови биле должни да применуваат домашни закони дури и кога тие биле спротивни на меѓународното право. Законот за имунитет утврдувал дефинитивна дефиниција на имунитетот како и сеопфатна дефиниција на исклучоци. Според судот не било можно од меѓународното право да се изведуваат други исклучоци освен оние предвидени со Законот.
5. Италија
140. Во пресудата во Ferrini против Сојузна Република Германија (Одлука бр. 5044/2004, ILR том 128, стр. 658), италијанскиот Касационен суд прифатил граѓанска тужба против Германија во врска со воени злосторства извршени во 1944-45 и го отфрлил имунитетот како пречка за поднесување на тужбата. Судот заклучил дека начелата на државен имунитет мора да се толкуваат во согласност со универзалните вредности изразени во нормите во врска со меѓународните кривични дела и јус когенс нормите. Пресудата на Судот за човекови права во Al-Adsani се разликувала од Ferrini затоа што злосторствата наводно се случиле на италијанска територија. Италијанските судови донеле и други слични пресуди.
141. На 23 декември 2008 година Германија иницирала постапка пред Меѓународниот суд на правдата тврдејќи дека пресудата во Ferrini, одлуките со кои таа се потврдува и повеќе мерки за извршување врз имот на Германија во Италија не го почитувале имунитетот на Германија од судска надлежност предвиден со меѓународното право. Беше донесена пресуда во полза на Германија во 2012 година (види параграфи 88-94 погоре).
6. Грција
142. Грчкиот Врховен суд (Areios Pagos) во предметот Префектура Voiotia против Германија, бр. 11/2000, 4 May 2000 година, одлучил дека во случаи во кои се работи за тешки повреди на меѓународното право, државата немала имунитет во однос на граѓански тужби.
143. Врховниот суд покасно одбил да ја изврши пресудата против Германија од причина што Германија имала државен имунитет. Судот, помеѓу другото, се повикал, на пресудата на Судот за човекови права во предметот Al-Adsani. Таа пресуда на Врховниот суд беше оспорена пред овој Суд, но жалбата беше прогласена за недопуштена во одлуката во предметот Kalogeropoulou, цитирана погорe.
7. Полска
144. Во предметот Natoniewski против Германија (бр. IV CSK 465/09, 29 октомври 2010, преведена на англиски јазик во [2010] Полски годишник на меѓународно право 299), тужителот иницирал постапка во врска со повреди претрпени поради акции на германските оружени сили во текот на Втората светска војна. Полскиот Врховен суд ја одбил тужбата затоа што Германија имала имунитет. Судот појаснил дека:
„Специфичноста на причините за отпочнување оружени конфликти ја сугерира применливоста на имунитетот на државите за дејствија преземени во текот на тие конфликти. Оружените конфликти – со голем број на жртви и со огромно разрушување и страдање – не може да се сведат на односот помеѓу државата/извршител и оштетеното лице, конфликтите се водат помеѓу држави. Вообичаено, сопственички тужби кои се последица на воени настани се решаваат во мировни договори, чија цел е сеопфатно решавање на последиците од војната, и на меѓународно и на индивидуално ниво. Во такви случаи, имунитетот од судска надлежност обезбедува меѓународно-правни средства за регулирање на сопственички тужби кои произлегуваат од воените настани. Ставањето на цела низа на граѓански тужби (кои произлегуваат од воени настани) надвор од надлежност на судовите е предвидено за надминување на ситуација во која, нормализирањето на односите помеѓу државите може да наиде на пречки како последица на голем број на судски постапки иницирани од физички лица ..“
145. Што се однесува на аргументот дека имунитетот на државите не важи во случаи на наводна повреда на јус когенс норми, судот кажал:
„ Се чини дека има тренд во меѓународното и домашното право во насока на лимитирање на имунитетот на државите во поглед на повреди на човековите права, но оваа пракса не е универзална“
146. Во однос на компатибилност на давањето на имунитет на државите со член 6, став 1 од Конвенцијата, судот кажал:
„Според воспоставената судска пракса на Европскиот суд за човекови права, овој исклучок не го повредува правото на пристап до домашните судови гарантиран со член 6, став 1 ... Не може да се каже дека имунитетот на државите наметнува несразмерно ограничување на правото на пристап до суд, кога на жалителите им се достапни алтернативни средства за ефикасна заштита на нивните права (види ја пресудата на ЕСЧП од 18 февруари 1999 година во предметот Waite и Kennedy против Германија).“
8. Франција
147. Во Bucheron против Германија, тужителот изјавил граѓанска тужба пред Трибуналот за работни односи во врска со наводна принудна работа во текот на Втората светска војна. Неговата тужба била одбиена затоа што Германија имала имунитет. Во 2003 година, Касациониот суд го потврдил одбивањето на тужбата (бр. 02‑45961, 16 декември 2003 година). Иста одлука била донесена од Касациониот суд во Grosz против Германија (бр. 04-475040, 3 јануари 2006 година), покасно потврдена и од Судот за човекови права во Grosz против Франција (одлука), бр. 14717/06, 16 јуни 2009 година.
9. Словенија
148. Во A.A. против Германија (бр. IP-13/99, 8 март 2001 година), словенечкиот Уставен суд одбил граѓанска тужба поднесена во поглед на дејствија на Германија во текот на Втората светска војна. Тужителот тврдел дека согласно меѓународното обичајно право, имало исклучок од правилата за имунитет при повреда на јус когенс норма. Судот прифатил дека имало докази за тренд во идниот развој на меѓународното право во насока на лимитирање на имунитетот на државите пред странски судови во случаи на повреди на човековите права. Сепак, доказите не покажувале општа практика на државите призната како право со која би се создала норма на меѓународното обичајно право.
149. Што се однесува на конкретниот навод заснован на член 6, став 1 од Конвенцијата, судот се повикал на одлуката на Судот во предметот Waite и Kennedy против Германија [ГСC], бр. 26083/94, ECHR 1999‑I. Словенечкиот суд заклучил дека ограничувањето на правото на пристап до суд на тужителот служело за легитимна цел и било сразмерно, повикувајќи се на можноста тужителот да поднесе граѓанска тужба во Германија.
В. Кривична постапка за акти на тортура
1. Франција
150. Во кривичниот предмет Ould Dah, обвинетиот, државен функциониер на Мавританија, бил обвинет и на крај и осуден од француски Поротен суд за акти на тортура извршени во Мавританија. Повисокиот суд покасно одбил касациона жалба (бр. 02-85379, 23 октомври 2002 година). На 1 јули 2005 година Поротниот суд доделил надомест на штета на повеќе оштетени лица. Слична пресуда била донесена во предметот Khaled Ben Saïd по кој се одлучувало после предметот Ould Dah.
2. Холандија
151. Во предметот Bouterse, г-н Boutеrse барал имунитет од кривично гонење затоа што наводните акти на тортура биле извршени додека тој бил шеф на државата Суринам. На 20 ноември 2000 година Апелациониот суд во Амстердам одбил да му дозволи имунитет од причина што вршењето на многу тешки кривични дела, како во неговиот случај, не можело да се смета за вршење на некоја од неговите должности на шеф на држава.
3. Швајцарија
152. Во пресуда од 25 јули 2012 година во предметот A. против Државниот правобранител и други, швајцарскиот Сојузен кривичен суд одбил да прифати барање за имунитет во кривична постапка против алжирски државјанин за воени злосторства, вклучувајќи за акти на тортура, извршени во Алжир. Обвинетиот претходно бил Министер за одбрана и бил дел од хунтата која управувала со Алжир во релевантиот период. Затоа, во предметот се работело за преостанат имунитет ratione materiae на лице кое имало имунитет ratione personae додека било на должност. Судот објаснил дека целта на имунитетот ratione materiae била и да ги заштити службените лица од последици на акти кои се припишуваат на државата која ја претставувале, и, со тоа, да се осигура почитување на суверенитетот на државата.
153. Судот се повикал на пресудата на Домот на лордови во Pinochet (бр. 3) и на трендот кој оди во прилог на зголемен број на исклучоци од имунитетот ratione materiae истакнати во правната доктрина. Судот ја потврдил дебатата во врска со тоа дали противправни акти можеле да се земат за службени акти во смисла на имунитет. Судот заклучил дека правната доктрина и судската пракса повеќе не биле едногласни дека преостанатиот имунитет ratione materiae се однесувал на сите акти извршени додека лицето било на функција, кога има наводи на тешки повреди на човековите права. Според судот, затоа би било парадоксално да се нагласува намерата да се спречат тешки повреди на човековите права, додека истовремено се прифаќа екстензивно толкување на правилата за имунитет на државите ratione materiae во полза на службени лица, на тој начин попречувајќи истрага за такви наводи.
4. Белгија
154. Законот од 16 јуни 1993 година за казнување на тешки повреди на меѓународното хуманитарно право дефинира определени акти, меѓу кои тортура и геноцид, како меѓународни кривични дела казниви во согласност со одредбите на тој Закон . Член 5 од Законот, беше изменет во 1999 година за изречно да предвидува дека.
„Имунитетот кој произлегува од службеното својство на некое лице, нема да ја спречи примената на овој закон.“
ПРАВО
I. СПОЈУВАЊЕ НА ЖАЛБИТЕ
155. Со оглед на сличниот фактички и правен контекст, Судот одлучува дека постапката по двете жалби треба да се спои врз основа на правило 42, став 1 од Правилата на Судот.
II. LOCUS STANDI
156. Жалителот г-н Sampson почина во март 2012 година додека постапката пред Судот беше во тек. Една од неговите најблиски сродници и претставник на неговиот имот, г-ѓа Jane Mayfield, изрази желба да ја продолжи жалбата во негово име.
157. Судот повторува дека во повеќе предмети во кои жалителот починал во текот на постапката, биле земени предвид изјави на наследници или блиски сродници на жалителот во кои се изразува желба тие да ја продолжат постапката пред Судот (види, на пример, Dalban против Романија [ГСC], бр. 28114/95, параграф 39, ECHR 1999-VI; Malhous против Република Чешка (одлука) [ГСC], бр. 33071/96, ECHR 2000‑XII; и Asadbeyli и други против Азербејџан, бр. 3653/05, 14729/05, 20908/05, 26242/05, 36083/05 и 16519/06, параграф 106, 11 декември 2012 година). Во случајот кој сега се разгледува, Владата не го оспори правото на г-ѓа Mayfield да ја продолжи жалбата во име на г-н Sampson. Судот воочува дека г-н Sampson почина после повеќе од пет години откако неговата жалба беше поднесена до Судот и дека тој повеќе години откако бил ослободен од притвор во Саудиска Арабија очекувал резултати од неговата граѓанска тужба и отчет и одговорност од страна на лицата кои наводно извршиле тортура над него. Судот затоа го прифаќа правото на преставничката на неговиот имот да ја продолжи жалбата во негово име. Судот и понатаму ќе го именува г-н Sampson како жалител во овој предмет.НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 6, СТАВ 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
158. Г-н Jones се жалеше дека признавањето на имунитет на Кралството Саудиска Арабија и на туженото физичко лице во неговиот случај било несразмерна повреда на неговото право на пристап до суд.
159. Останатите жалители се жалеа дека давањето на имунитет на тужените физички лица во нивниот случај претставувало несразмерна повреда на нивното право на пристап до суд.
160. Жалителите се повикаа на член 6, став 1 од Конвенцијата, кој предвидува:
„Секој има право на правично ...судење ...пред суд...при одлучувањето за неговите граѓански права и обврски ...“
A. Допуштеност
1. Аргументи на странките
161. Владата нагласи дека секоја држава имала должност согласно меѓународното обичајно право да им признае имунитет на други држави. Почетната точка била дека постои генерално правило за имунитет за кое кои биле прифатени определени исклучоци. Тие исклучоци биле изразени во Конвенцијата од Базел и во Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност. Судовите на една држава затоа немале слобода да го менуваат имунитетот по желба. Со Законот од 1978 година се имплементирале обврските кои тужената држава ги имала кон други држави согласно меѓународното јавно право. Позицијата во Законот од 1978 година била јасна: Саудиска Арабија имала право на имунитет освен ако важел еден од исклучоците наведени од член 2 до член 11. Според Владата очигледно било дека за овој случај тие исклучоци не важеле.
162. Со оглед на тоа, Владата го повика Судот да го преиспита својот заклучок во пресудата во Al-Adsani дека член 6, став 1 имал дејство во случаи кои се однесуваат на имунитет на државите. Владата тврдеше дека член 6 можел да се однесува само на вршењето на надлежност која државата ја имала согласно меѓународното право. Според неа, член 6 не можел да наложи државата да си додели судска надлежност која, согласно меѓународното право, не ѝ припаѓа. Како последица на тоа, не можело да се смета дека државата повредила пристап до суд, кога таа не ни можела да даде таков пристап.
163. Жалителите изјавија дека член 6, став 1 бил очигледно применлив врз околностите на случајот, повикувајќи се на пресудата на Судот во случајот Al‑Adsani, цитирана погоре.
2. Оцена на Судот
164. Судот одлучи во предметот Al-Adsani, цитиран погоре, параграфи 46-49, дека член 6, став 1 е применлив на тужба против држава за надомест на штета за телесна повреда. Судот одлучи дека давањето на имунитет не го дополнувал материјалното право, туку дејствувал како процедурална пречка на овластувањето на националните судови да одлучат по тоа право. Не постои причина да се заклучи спротивното во случајот кој сега се разгледува. Затоа, член 6, став 1 е апликативен.
165. Судот понатаму воочува дека жалбите не се очигледно неосновани во смисла на член 35, став 3 (a) oд Конвенцијата и дека не се недопуштени по ниту еден друг основ. Затоа жалбите мора да се прогласат за допуштени.
Б. Основаност
1. Аргументи на странките
(a) Жалителите
(i) Г-н Jones
166. Г-н Jones истакна дека секое ограничување на неговото право на пристап до суд морало да служи за остварување на легитимна цел и да биде сразмерно на целта. Во однос на второто прашање, тој нагласи дека колку е поширок имунитетот, толку поубедливо треба да биде оправданието: дозволувањето на голем број на исклучоци за граѓански тужби наложувало поубедливо оправдание (цитирајќи ја пресудата во Fayed против Обединетото Кралство, 21 септември 1994 година, параграф 65, Издание A бр. 294‑B). Во случајот кој е предмет на разгледување, важноста на правото на пристап до суд беше зајакната затоа што се работи за граѓанска тужба за тортура, која е забранета со норма која има статус јус когенс во меѓународното право.
167. Г-н Jones сметаше дека пристапот прифатен од Судот во случајот Al‑Adsani, цитиран погоре, бил погрешен. Тој посочи дека во предметот Waite и Kennedy, цитиран погоре, параграф 68, Судот се повикал на фактот дека на жалителите не им биле достапни други постапки за обештетување, при носењето на заклучок дека имунитетот признаен на Европската вселенска агенција не претставувал несразмерно мешање во правото на жалителите на пристап до суд. Сепак, Судот во Al-Adsani не испитал дали постојат алтернативни постапки за обештетување. Како последица на тоа, образложените во случајот било погрешно. Жалителот не можел ни де јуре ниту де факто да поднесе тужба во Саудиска Арабија, затоа што не можел да се врати во земја во која бил мачен, и чии судови не биле ниту независни, ниту непристрасни. Тој понатаму тврдеше дека тужената држава бил дел од мал број држави кои предвидувале целосен имунитет на службени лица, според информациите доставени од Владата, велејќи дека само Република Чешка, Германија, Ирска и Руската Федерација предвидувале сличен степен на имунитет.
168. Повикувајќи се и на аргументите на останатите жалители, жалителот заклучи дека применувањето на целосен имунитет со цел целосно да се оневозможи судска одлука за граѓанско право без да се балансираат спротивставените интереси, имено интересите поврзани со конкретен имунитет и интересите во врска со конкретната тужба која што е предмет на постапката, било несразмерна мерка.
(ii) Г-н Mitchell, г-н Sampson и г-н Walker
169. Жалителите тврдеа дека ниту една норма на меѓународното право не наложува примена на имунитет во случајот, така што анализата на мнозинството судии во Al‑Adsani не водела до заклучок дека мешањето било сразмерно. Колку што имунитетот можел да се идентификува како норма на меѓународното право, според нив тој имал карактер и статус кој не е доволен за да претставува сразмерно мешање во правата од член 6, став 1 затоа што постоеле, поизбалансирани и посразмерни средства за контрола и ограничување на граѓански тужби, кои овозможувале да се воспостави потребната рамнотежа.
170. Жалителите не се согласија со аргументот на Владата дека службените лица влегувале во рамките на поимот „држава“ и дека жалителите всушност настојувале да поднесат тужба против Саудиска Арабија. Дефиницијата на зборот „држава“ во Законот од 1978 не била одлучувачка за тоа прашање согласно меѓународното обичајно право. Тие се повикаа на заклучокот на Врховниот суд на САД во случајот Samantar дека службените лица не влегувале во дефиницијата за држава дадени во релевантниот Закон, кој содржел дефиниција која била идентична во суштина со Законот од 1978 година. Тие понатаму тврдеа дека целта на член 2, став 2 од Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност, кој во поимот на „држава“ подразбира и „претставник на државата кој постапува во тоа својство“, била да се однесува на претставници на државата кои имале имунитет ratione personae. Tие во поддршка на ова тврдење се повикаа на коментарот на Комисијата за меѓународно право.
171. Според жалителите, не постоела симетрија помеѓу меѓународните норми за имунитет на државите и нормите за одговорност на државите. Фактот што акт на службено лице од аспект на меѓународното право ѝ се припишувал на државата, не значел дека само државата е одговорна за тој акт од аспект на домашно право. Според нив, имало многу случаи во кои истовремено се воделе граѓанска постапка за надомест на штета согласно домашното право и постапка за репарација против државата за меѓународно кривично дело. Претпоставката на Домот на лордови, според нив, била дека целта на законот за имунитет била да обезбеди процедурално средство за одбрана од надлежност на државата пред која е поведена постапка за било кој акт кој, според меѓународното право, би ѝ бил припишан на државата. Според жалителите тоа било неправилно и вознемирувачко оправдување на имунитетот на државите.Тие тврдеа дека било јасно од Нацрт членовите за одговорност на државите дека дефиницијата на поимот на држава било само во смисла на припишување на одговорност, и ниту во еден друг аспект. Тоа се гледало од фактот дека прекршувањето на договор од страна на државен орган претставувало акт на државата во смисла на одговорност на државите, врз основа на нацрт членовите, но дека за постапување поврзано со комерцијални активности генерално не важи имунитетот на државите во граѓанска постапка врз основа на широко прифатениот исклучок jure gestionis. Исто така, акти на тортура извршени во државата во која се води постапка воделе до одговорност на државата, но за нив не важел државниот имунитет. Понатаму, жалителите нагласија дека немало обврска во меѓународното право, државите да исполнат пресуда донесена против нивни службени лица. Затоа немало основа за да се тврди дека тужба против службено лице во овие околности индиректно ја вклучувала државата преку одговорност за трети лица. Штетата доделена во домашна постапка би била земена предвид од страна на меѓународен суд при неговата оцена на соодветните правни лекови, со цел да се спречи двојно доделување на штета.
172. Според жалителите, штом се прифатело дека правилата за одговорност на државите и правилата за државен имунитет служеле за суштински различни цели, јасно било дека не може да стане збор за претпоставка дека дефиницијата на изразот „службени акти“ била идентична во двата случаја. Дихотомијата не се однесувала на службените и приватните акти, туку на службени акти за кои важи имунитетот на државите, и службени акти кои не се заштитени со имунитет. Жалителите ја оспорија сугестијата дека постоела неконзистентност помеѓу овој пристап и дефиницијата на тортура во Конвенцијата против тортура: член 1 од Конвенцијата била основа на примарните обврски од Конвенцијата против тортура, тој не бил норма кој е дел од правилата за припишување на одговорност на државите. Жалителите посочија низа на предмети кои го поткрепувале мислењето дека кога службено лице врши акти со кои се повредува перемпторна норма, не важело правото на имунитет (тие ги цитираа помеѓу другото, Префектура Voiotia, Ferrini и Furundzija, види погоре). Овој пристап бил особено јасен во САД (жалителите ги цитираа, меѓу другото, Filartiga и Samantar, погоре). Неодамнешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Германија против Италија, според нив, била релевантна само за тужби против самата држава: таа не била применлива врз тужбите на жалителите насочени против службени лица. Што се однесува на отфрлањето од страна на Судот на правдата на исклучокот јус когенс, жалителите ја критикуваа пресудата затоа што не ги анализирала суштински начелата на кои е поставена доктрината на имунитет на државите. Тие исто го критикуваа судот поради неговиот формалистички пристап кон прашањето за наводен конфликт помеѓу нормите јус когенс и правилото за имунитет на државите и го повикаа овој Суд да не го следи примерот на Судот на правдата кога одлучува како да воспостави рамнотежна помеѓу двата вида норми во контекст на член 6.
173. На крај, жалителите тврдеа дека разликата помеѓу граѓанската и кривична постапка била ирелевантна и дека не оправдувала различен пристап кон имунитет на службени лица во граѓански и кривични предмети. Кривичните судови во повеќе земји, вклучително и во Обединетото Кралство, биле овластени да доделат надомест на штета на жртвите. Жалителите се повикаа на францускиот предмет Ould Dah, каде на оштетените во кривична постапка им бил доделен надомест на штета, а прашањето за имунитетот не било анализирано. Понатаму, жалителите изјавија дека не би било издржано да се сугерира дека Конвенцијата против тортура се однесува на кривичната одговорност, но не и граѓанската. Член 4, став 2 од таа Конвенција, според жалителите, наложувал државите да предвидат соодветни казни за кривичното дело тортура, во што очигледно спаѓала и исплатата на надомест на штета, додека пак член 14 во однос на надоместот не бил територијално ограничен. Предлогот поднесен во текот на подготвката на Конвенцијата да се ограничи член 14 на територија под надлежност на државата бил избришан од конечната верзија на текстот, и според жалителите, од тоа јасно произлегувало дека не било предвидено никакво територијално ограничување. Затоа начелата на имунитет на државите не можеле да ги спречат судовите на државата во која е поведена постапка да му наредат на странско службено лица да им плати надомест на штета на жртвите од тортура.
(б) Владата
174. Владата тврдеше дела давањето на имунитет на државата Саудиска Арабија во случајот на г-н Jones служело за остварување на легитимната цел на почитување на меѓународното право за да се промовира меѓународна учтивост и добри односи помеѓу државите преку почитување на секоја држава на суверенитетот на другата држава. Таа тврдеше дека постоел простор за слободна оцена [margin of appreciation] во однос на правото на пристап до суд, кој им овозможувал на државите да постапат во согласност со нивните ставови во однос на обемот на нивните обврски од меѓународното право, под услов тие да се издржани. Во случајот кој е предмет на разгледување, не можело да се каже дека пристапот на Обединетото Кралство бил спротивен на општите начела на меѓународното право или дека бил надвор од општо прифатените меѓународни стандарди. Владата сметаше дека предметот Waite и Kennedy, цитиран погоре, се разликува, во тоа што во него било потребно испитување на алтернативни постапки за обештетување од причина што имало важна разлика помеѓу предмети во кои се работи за имунитет на меѓународните организации каде нема друг форум на одлучување, и случаи во врска со имунитет на државите каде надлежност за одлучување по определена тужба имала друга држава. Според Владата, домашен суд не можел, спротивно на нормите на меѓународното обичајно право, да создаде исклучок од правилото за имунитет со цел да поправи пропуст на странски суд кој имал надлежност, но одлучил да не ја употреби. Од Владата дополнија дека не требало да се занемари конзуларната поддршка и помош којашто Владата им ја обезбедила на жалителите во Саудиска Арабија.
175. Во врска со давањето имунитет на службените лица во двата предмети, примарен аргумент на Владата беше дека воспоставено начело на меѓународното правио било дека државата има право на ист имунитет во поглед на службени акти на службени лица во случаи каде тужен во постапката било едно од тие службени лица како и во случај каде била тужена државата. Затоа, прашањето не било дали имунитетот на државата важел и за тие службени лица, туку дали службеното лице било таков дел од државата да имунитетот на таа држава се применувал автоматски. Според Владата, актите на службени лица кои постапуваат во службено својство не можеле да им се припишат ним, туку само на државата. Оттука, имало симетрија помеѓу меѓународното право за имунитет на државите и правото кое се однесува на нивна одговорност. Законот од 1978 бил одраз на обврските кои тужената држава ги имала кон другите држави согласно меѓународното јавно право.Според Владата, тоа било поткрепено со дефиницијата на поимот „држава“ во меѓународните договори, меѓу кои и во Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност и Нацрт членовите за одговорност на државите, во домашните закони и судска пракса, и во одлуката на Жалбениот совет на Хашкиот трибунал во предметот Blaškić. Затоа, ако некој акт ѝ се припишувал на државата, така што таа сносела одговорност на меѓународно ниво, истиот акт требало да се смета за акт на државата во смисла на меѓународното право на имунитет на државите во постапка пред локален суд. Тоа ја одразувало практичната реалност на ситуацијата. Ако службеното лице било тужено пред суд на држава за акти извршени во вршење на неговите должности, тогаш, во пракса, државата индиректно била повикана да одговара за него како за трето лице, затоа што не биле доведени во прашање само нејзините акти, туку од неа ќе се очекувало да исплати евентуален надомест штета, и најверојатно,таа ќе биде и единствен извор од кој тој надомест би можел да се исплати.
176. Владата истакна дека и Апелациониот суд и Домот на лордови со право го отфрлиле аргументот дека од јус когенс статусот на забраната на тортура следело дека државите биле должни да не признаваат имунитет во постапки против странски држави во врска со наводни повреди на таа забрана. Овој аргумент, според Владата, бил неодржлив од повеќе причини. Прво, правилото за имунитет на државите не дозволувало ниту поддржувало тортура и затоа не било некомпатибилно со забраната на тортура. Со тоа правило, евентуална повреда само се пренасочувала кон алтернативен метод на разрешување. Второ, тој аргумент бил отфрлан кога и да бил истакнат пред меѓународен суд (Владата помеѓу другото ги цитираше, случајот Arrest Warrant и Al‑Adsani, цитирани погоре). Трето, прашањето дали треба да има имунитет на државите во случаи на наводна тортура било поставено во текот на подготовката на Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност и било одлучено дека согласно тогашната состојба на меѓународното обичајно право не било можно да се воведе таков исклучок. На крај, тој аргумент бил отфрлен од повеќето домашни судови кои биле соочени со ова прашање (Владата се повика, меѓу другото, на Bucheron, Siderman de Blake, Princz и Bouzari, види погоре). Иако некои домашни судови во Грција и Италија го прифатиле јус когенс аргументот, според Владата овие случаи не биле уверливи и со нив не се воспоставила општоприфатена пракса во меѓународното право. Владата истакна дека повикувањето на неколку пресуди не било доволно за да се утврди промена во обичајното право. Овој став бил поддржан од Судот на правдата во пресудата во предметот Германија против Италија, којашто била внимателно образложена и заснована на сеопфатна анализа на праксата на државите. Владата додаде дека судската пракса на САД каде била уттврдена надлежност за потешки повреди на меѓународното право извршени од странски државјани во странска држава не изразувала начела кои се широко прифатени и почитувани од страна на државите.
177. Владата исто така го отфрли аргументот на жалителите дека тортурата не била „службен акт“ за кој би се применил имунитет на државата. Според неа, јасно било дека не можело да се смета дека наводите за тортура се однесуваат на акти jure gestionis затоа што тие влегувале во концептот на вршење на суверена власт. Не биле доставени прецеденти со кои би се поткрепила сугестијата дека за определени видови на суверени акти не важел имунитетот на државата. Владата исто така посочи дека дефиницијата на тортура содржана во Конвенцијата против тортура наложувала актот да биде извршен од службено лице или лице кое постапува во службено својство. Тоа било изразено во нормите на меѓународното право за одговорност на државите, кои предвидувале дека ќе дојде до одговорност за државата кога некое нејзино службено лице, навидум врз основа на овластување, измачувало државјанин на друга држава.
178. Што се однесува на обврската да се обезбеди обештетување наметната со член 14 од Конвенцијата против тортура, Владата беше на став дека тој член наложувал таква обврска само за тортура извршена на територијата на државата. Овој став, според неа, бил поткрепен од домашните закони за надлежност во граѓанска постапка за тортура и државен имунитет, како и со праксата на државите. Нацрт текстот на член 14 бил разјаснет во текот на подотовката на Конвенцијата за да ја одрази намерата дека тој член се однесува само на територијата на државата, но од необјаснети причини тоа појаснување било изоставено кога нацрт текстот поминал во следната фаза. Став на Владата беше дека ова било изоставање било грешка, и во тој поглед таа се повика на декларацијата на САД кон Конвенцијата против тортура во која САД го искажуваат нивното сафаќање за територијалната примена на член 14.
179. Владата потврди дека службените лица за кои станува збор во Обединетото Кралство можеле да бидат кривично гонети за нивните постапки. Сепак, имало доволно причини за да се разликува кривичната од граѓанската постапка во овој контекст. Прво, Конвенцијата против тортура содржела изречна одредба со која се наложува државите кривично да гонат службени лица на странски држави во врска со акти на тортура извршени надвор од државата во која би се водела постапка, таква одредба немало во однос на граѓанската постапка. Второ, во пресудата во Pinochet (бр. 3) мнозинството судии во Домот на лордови сметале дека немало имунитет за кривично гонење за тортура врз основа на Конвенцијата против тортура и фактот дека сите три држави инволвирани во предметот биле договорни страни на таа Конвенција. Трето, од аспект на меѓународното право, индивидуалната кривична одговорност, не била дел од одговорноста на државата, туку нешто кое е одделно од таа одговорност. На крај, граѓанската одговорност за акти извршени во службено својство нужно била поврзана со одговорноста на самата држава затоа што, во пракса, од државата можело да се очекува да исполни евентуална одлука за надомест на штета изречена против службеното лице и извршувањето на таквата одлука, од своја страна пак, би влијаела врз одговорноста на државата да исплати надомест во било каква постапка која може да биде иницирана против самата држава. Според Владата, требало да се забележи, дека Меѓународниот суд на правдата исто така јасно ги разликувал граѓанската и кривичната постапка во пресудата во предметот Германија против Италија, повикувајќи се на пресудата во Pinochet (No. 3).
(в) Tрети страни
180. Невладините организации REDRESS, Amnesty International, INTERIGHTS и JUSTICE доставија заеднички забелешки во писмена форма по однос на прашањето на неказнивоста на службени лица.
181. Вмешувачите нагласија дека кога е подигната тужба против државата и нејзини службени лица, потребно е посебно утврдување на имунитетот на државата и тие лица, затоа што тие не биле со ист обем. Различните образложенија и цели на двата вида имунитет не значеле дека ако државата има имунитет, логички и службените лица ќе уживаат имунитет.
182. Според вмешувачите, тортурата водела и до индивидуална и до одговорност на државата во меѓународното право. Тужба против службено лице за неговата улога во вршење на тортура не значела и тужба против самата држава, во смисла да државата е индиректно одговорна за трети лица. Таквата тужба се однесувала на лична одговорност и евентуална одлука за надомест на штета би можела да се изврши само од поединецот, а не од државата и нејзиниот имот.
183. Вмешувачите тврдеа дека имунитетот ratione materiae, за кој се одлучува во овој предмет, не важел во случаи кога има наводи за тортура. Посочувајќи дека целта и намената на Конвенцијата против тортура била да се осигура отчетност и да се спречи неказнивоста за акти на тортура, тие изјавија дека признавањето на имунитет на службени лица во случаи на тортура не било конзистентно со оваа цел, посебно кога не постоеле алтернативни средства за обештетување. Според нив имало јасни докази за пракса на државите на одбивање имунитет на актуелни и поранешни функционери обвинети за кривични дела според меѓународното право во Франција, Италија, Холандија и Шпанија. Граѓанската и кривичната постапка не можеле да бидат јасно одделени: во повеќе држави членки на Советот на Европа, судовите биле овластени да одлучуваат по барања за надомест на штета во рамките на кривичната постапка. Имало неколку примери во кои француските судови осудиле странски службени лица за тортура или други кривични дела и донеле одлука за надомест на штета на жртвите кои учествувале како оштетена страна [parties civiles].
184. Во случаите во кои на службени лица им бил признат државен имунитет во граѓанска постапка во врска со наводи за тортура, вмешувачите изјавија дека ограничувањето на правото на пристап до суд не служело за остварување на легитимна цел и не било сразмерно на целта која треба да ја оствари. Во тој контекст, имунитетот на државите не допринесувал кон правилно функционирање на државата, и, затоа што државата не била повикана како индиректно одговорна за трети лица, аргументите со кои се оправдува имунитетот на државите не наоѓале примена. Целта на имунитетот ratione materiae била да се спречат тужби против службени лица кога тие не сноселе индивидуална одговорност тука само постапувале во име на државата. Во случаи кога се наведувале акти тортура, оваа цел не важела, затоа што се работело за лична одговорност на службеното лице. Единствената задача на давањето имунитет ratione materiae во овој случај била да се спречи службеното лице да даде отчет, што според член 6, став 1 не можело да се смета за легитимна цел.
185. Вмешувачите нагласија дека колку е поекстензивен имунитетот, толку поуверливо треба да биде оправдувањето за него (повикувајќи се на Kart против Турција [ГСC], бр. 8917/05, § 83, ECHR 2009 (extracts)). Судот имал усвоено рестриктивно толкување на имунитетот во случаи кои се однесуваат на парламентарен имунитет. Според нив, Судот исто така посочил дека нема да биде во склад со владеењето на правото во демократско општество, ако државата можела, без ограничување или контрола од Судот, од надлежност на судовите да отстрани низа на граѓански тужби или да додели имунитет на повеќе категории на лица (види Fayed, цитиран погоре, параграф 65; и Cordova против Италија (бр. 1), бр. 40877/98, параграф 58, ECHR 2003‑I). Природата на противправниот акт во врска со кој се барал пристапот до суд, во овој случај тортура, наложувала уште порестриктивен пристап на секое ограничување. Според нив, исто така при анализата на сразмерноста на ограничувањето релевантно било дали постоеле алтернативни постапки за обештетување; во случајот на жалителите такви постапки немало. Поконкретно, во Саудиска Арабија немало ефикасен правен лек, каков што наложува член 14 од Конвенцијата против тортура, затоа што тортурата не била дефинирана како кривично дело во домашното право и затоа што не била предвидена никаква конкретна санкција. Комитетот против тортура утврдил дека немало ефикасни механизми за спроведување истрага за наводи за тортура во Саудиска Арабија. Според вмешувачите, дипломатската заштита не можела да се смета за ефикасен правен лек: иако тужената држава се повикала на достапност на таква заштита во предметот Al-Adsani, немало докази таа било кога му обезбедила таква заштита на г-н Al-Adsani. Според нив, дипломатската заштита била дискреционо право на државата и Владата не можела да биде принудена да поддржи тужба во име на нејзин државјанин.
2. Оцена на Судот
(a) Општи начела за правото на пристап до суд во контекст на имунитет на државите
186. Член 6, став 1 секому гарантира право било каков правен спор (“contestation” во француската верзија на член 6, став 1) кој се однесува на неговите граѓански права и обврски да биде разгледан пред суд. Сепак, правото на пристап до суд не е апсолутно. Тоа право може да биде ограничено затоа што правото на пристап со самиот свој карактер наложува да биде регулирано од државата. Во тој поглед, државите договорнички имаат определен простор за слободна оцена [margin of appreciation], иако конечната одлука во врска со почитувањето на обврските од Конвенцијата е на Судот. Судот мора да се увери дека применетите ограничувања не го ограничиле или не го намалиле пристапот кој му е обезбеден на поединецот на таков начин или до таков степен да е оштетена суштината на правото. Понатаму, ограничување на пристапот до суд нема да биде компатибилно со член 6, став 1 ако не служи за остварување на легитимна цел и ако не постои разумен однос на сразмерност помеѓу употребените средства и целта која треба да се постигне (види Fogarty против Обединетото Кралство [ГСC], бр. 37112/97, параграфи 32-33, ECHR 2001‑XI (извадоци); McElhinney против Ирска [ГСC], бр. 31253/96, параграфи 33-34, ECHR 2001‑XI (извадоци); Al-Adsani, цитиран погоре, параграфи 52-53; Kalogeropoulou и други, цитиран погоре; Manoilescu и Dobrescu против Романија и Русија (одлука), бр. 60861/00, параграфи 66 и 68, ECHR 2005‑VI; Cudak против Литванија [ГСC], бр. 15869/02, параграфи 54-55, ECHR 2010; и Sabeh El Leil против Франција [ГСC], бр. 34869/05, параграфи 46-47, 29 јуни 2011 година).
187. Правата предвидени со Конвенцијата мора да се гарантираат на начин кој е практичен и ефикасен, посебно кога е во прашање правото на пристап до суд со оглед на важноста на правото на правично судење во едно демократско општество. Затоа, не би било во согласност со владеењето на правото во демократско општество или со основните начела на кои се заснова член 6, став 1 – имено дека мора да има можност граѓанските тужби да се поднесат до судија за да бидат разгледани – ако државата би можела, без ограничување или контрола од органите за спроведување на Конвенцијата, од надлежност на судовите да отстрани цела низа на граѓански тужби или да довери имунитет од граѓанска одговорност на категории на лица. Во случаи кога примената на принципот на имунитет на државата од судска надлежност го ограничува користењето на правото на пристап до суд, Судот е должен да утврди дали околностиите на случајот го оправдуваат тоа ограничување (Al-Adsani, цитиран погоре, параграфи 47-48; Cudak, цитиран погоре, параграфи 58-59; и Sabeh El Leil, цитиран погоре, параграфи 50-51).
188. Судот има претходно објаснато дека имунитетот на државите е концепт на меѓународното право, изведен од начелото par in parem non habet imperium, врз основа на кое една држава не може да биде подложена под судска надлежност на друга. Признавањето на суверен имунитет на една држава во граѓанска постапка служи за остварување на легитимната цел почитување на меѓународното право за промовирање на начелата на учтивост [comitas gentium] и добри односи помеѓи државите со почитување на суверенитетот на другата држава (види Fogarty, цитиран погоре, параграф 34; McElhinney, цитиран погоре, параграф 35; Al-Adsani, цитиран погоре, параграф 54; Kalogeropoulou и други, цитиран погоре; Cudak, цитиран погоре, параграф 60; и Sabeh El Leil, цитиран погоре, параграф 52).
189. Во поглед на сразмерност на ограничувањето, потребата Конвенцијата да се толкува што е можно повеќе во склад со другите норми на меѓународното право во кое спаѓа и самата Конвенција, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на признавањето на имунитет, доведе до тоа Судот да одлучува дека мерките преземени од државата кои се одраз на општо прифатени норми на меѓународното јавно право за имунитет на државите, во принцип не може да се сметаат за мерки со кои се наметнува несразмерно ограничување на правото на пристап до суд изразено во член 6, став 1. Судот има објаснето дека исто како што правото на пристап до суд е неразделен дел од гаранциите за право на правично судење во член 6, став 1, така и определени ограничувања на тоа право мора да се сметаат за инхерентни, а таков пример се оние ограничувања кои се генерално прифатени од меѓународната заедница како дел од доктрината за имунитет на државите (види McElhinney, цитиран погоре, параграфи 36-37; Fogarty, цитиран погоре, параграфи 35-36 Al‑Adsani, цитиран погоре, параграфи 55-56; Kalogeropoulou и други, цитиран погоре; Manoilescu и Dobrescu, цитиран погоре, параграфи 70 и 80; Cudak, цитиран погоре, параграфи 56-57; и Sabeh El Leil, цитиран погоре, параграфи 48-49).
(б) Примена на општите начела во претходни предмети за имунитет на државите
190. Судот го има испитувано почитувањето на правото на пристап до суд изразено во член 6, став 1 во контекст на признавање на имунитет на државите во повеќе различни видови граѓански постапки, вклучувајќи спорови во врска со: вработување во амбасади (Fogarty, Cudak and Sabeh El Leil, цитирани погоре); телесна повреда како последица на тортура извршена во странство (Al-Adsani, цитиран погоре); злосторства против човештвото извршени во време на војна (Kalogeropoulou и други, цитиран погоре); достава на тужба (Wallishauser, цитиран погоре); и тужби од наводно приватно-правен карактер (Oleynikov против Русија, бр. 36703/04, 14 март 2013 година). Сите овие случаи се однесувале на степенот во кој поранешното апсолутно сфаќање на поимот државен имунитет бил заменет со порестриктивна форма на имунитет. Посебно, Судот анализирал дали дејствијата на тужената држава „биле вон секакви актуелни општо прифатени меѓународни стандарди“ (Fogarty, цитиран погоре, параграф 37; и McElhinney, цитиран погоре, параграф 38); дали биле „несогласни со ограничувањата кои се општо прифатени од меѓународната заедница како дел од доктрината за имунитет на државите“ (Al-Adsani, цитиран погоре, параграф 66; и Kalogeropoulou and Others, цитиран погоре); или можеби биле спротивни на исклучок од правилото за имунитет на државите утврден со меѓународното обичајно право (Cudak, цитиран погоре, параграф 67; Sabeh El Leil, цитиран погоре, параграф 58; Wallishauser, цитиран погоре, параграф 69; и Oleynikov, цитиран погоре, параграф 68).
191. Во случајот Al-Adsani (цитиран погоре) по кој беше одлучено во 2001 година, Судот заклучи дека не се докажало дека во меѓународното право веќе има прифаќање на ставот дека државите немаат право на имунитет за граѓански тужби за надомест на штета во врска со наводни акти на тортура извршени надвор од државата пред која се води постапка. Затоа немало повреда на член 6, став 1 кога домашните судови отфрлиле тужба за надомест на штета за акти од тортура поднесена против Кувајт, применувајќи ги правилата за имунитет на државите од Законот од 1978 година. Судот дошол до истиот заклучок во неговата одлука во предметот Kalogeropoulou и други, цитиран погоре, кој се однесувал на одбивањето на грчкиот Министер за правда да дозволи експропријација на имот на Германија кој се наоѓал во Грција, а во полза на жалителите, врз основа на пресуда во нивна корист во врска со злосторства против човештвото извршени во 1944 година. Сепак, Судот во таа одлука посочил дека неговиот заклучок во предметот Al-Adsani не исклучувал можна промена во меѓународното обичајно право во иднина.
192. Во повеќе понови случаи во врска со имунитет на државите, Судот утврдил повреда на член 6, став 1 затоа што одредбите на Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност се применувале на тужената држава согласно меѓународното обичајно право и затоа што давањето на имунитет не било сразмерно, затоа што или било некомпатибилно со меѓународното обичајно право или затоа што имунитетот бил даден без домашните судови соодветно да го разгледаат правилото за кое станува збор (Cudak, цитиран погоре, параграфи 67-74; Sabeh El Leil, цитиран погоре, параграфи 58-67; Wallishauser, цитиран погоре, параграфи 69-72; и Oleynikov, цитиран погоре, параграфи 68-72).
(в) Дали треба да се преиспита пристапот кој Судот го применил во предметот Al-Adsani?
193. Жалителите тврдеа дека Судот треба да го промени пристапот кој го применил Големиот судски совет во Al-Adsani во делот во кој тој не направил суштинска анализа на сразмерноста на спорната мерка, вклучувајќи оцена на околностите и меритумот на дадениот случај и посебно затоа што не испитал дали постоеле алтернативни постапки во кои може да се бара обештетување.
194. Во случајот Al-Adsani при оцената на сразмерноста на оспорената мерка одлучувачко било прашањето дали правилата за имунитет кои ги примениле домашните судови биле во согласност со општо прифатените правила на меѓународното јавно право за имунитет на државите (цитирано погоре, параграфи 55-56 и 66-67). Иако Судот не е формално обврзан да ги следи своите претходно донесени пресуди, во интерес на правната сигурност, предвидливост и еднаквоста пред законот е тој да не отстапува без добра причина од прецедентите во претходни случаи (види, на пример, Christine Goodwin против Обединетото Кралство [ГСC], бр. 28957/95, параграф 74, ECHR 2002‑VI; Scoppola против Италија (бр. 2) [GC], no. 10249/03, параграф 104, 17 септември 2009 година; и Sabri Güneş против Турција [ГСC], бр. 27396/06, параграф 50, 29 јуни 2012 година).
Кога конкретниот прецедент е релативно скорашна и опсежна пресуда на Големиот судски совет, како и во предметот кој е сега предмет на разгледување, Судскиот совет кој не е подготвен да го следи прецедентот, треба да предложи отстапување на надлежност на Големиот судски совет. Ниту една од странките не предложи такво отстапување и во секој случај Судскиот совет е тој што ќе одлучи дали да прифати таков предлог (види, на пример, Hartman против Република Чешка, бр. 53341/99, § 8 in fine, ECHR 2003‑VIII (извадоци); и Kuznetsova против Русија, бр. 67579/01, параграфи 5, 7 јуни 2007 година).
195. Имајќи го предвид прецедентот утврден во случајот Al-Adsani и деталната анализа во таа пресуда на релевантните правни прашања со повикување на судска пракса на овој Суд и меѓународното право, Судот не смета дека треба да го отстапи овој предмет на Големиот судски совет. Судот, при елаборирањето на релевантните критериуми од аспект на член 6, став 1 во пресудата во Al-Adsani, постапи во согласност со неговата обврска да ги земе предвид релевантните правила и начела на меѓународното право и да ја толкува Конвенцијата колку што е можно повеќе во сообразност со други правила на меѓународното право чиј дел е и самата Конвенција (види Al-Adsani, цитиран погоре, параграф 55; види исто така Al-Saadoon и Mufdhi против Обединетото Кралство, бр. 61498/08, параграф 126, ECHR 2010 (извадоци); Catan и други против Република Молдова и Русија [ГСC], бр. 43370/04, 8252/05 и 18454/06, параграф 136, ECHR 2012 (извадоци); Nada против Швајцарија [ГСC], бр. 10593/08, параграфи 171-172, ECHR 2012; и член 31, став 3 (в) oд Виенската конвенција). Затоа, Судот е уверен дека пристапот кој Големиот судски совет го имал во пресудата во Al-Adsani (види параграф 194 погоре) во поглед на сразмерноста треба да се следи и во овој предмет.
(г) Примена на општите начела во поглед на тужбата против Кралството Саудиска Арабија
196. Жалбениот навод на г-н Jones во врска со отфрлањето на неговата тужба против Саудиска Арабија е идентичен во материјалните факти со жалбениот навод истакнат во предметот Al-Adsani, цитиран погоре. Како што Судот заклучи во Al-Adsani, давањето на имунитет служело за остварување на легитимната цел почитување на меѓународното право за промовирање на меѓународна учтивост [comity] и добри односи помеѓу државите преку почитување на суверенитетот на другата држава. Давањето на имунитет било во склад со член 6, став 1 затоа што тоа било одраз на општо прифатените норми на меѓународното јавно право за имунитет на државите во тоа време. Единствено прашање за Судот сега е, дали во моментот на носење на одлука од страна на Домот на лордови во 2006 година во случајот на жалителите, а после пресудата во Al-Adsani, имало промена во прифатените меѓународни стандарди во поглед на постоењето на исклучок, при наводи за акти на тортура, од доктрината на имунитет на државите која е таква да наложи заклучок дека признавањето на имунитет во овој случај не ги одразува општо прифатените правила на меѓународното јавно право за имунитет.
197. Во поново време, и пред и после пресудата на Домот на лордови во овој случај, повеќе домашни судови анализирале дали сега постои јус когенс исклучок од правилата за имунитет на државите во поглед на граѓански тужби против државата (на пр., Siderman de Blake, Princz, Smith и Sampson во САД, параграф 117 погоре; Bouzari и Hashemi во Канада, параграфи 128-134 погоре; Ferrini во Италија, параграф 140 погоре; Префектура Voiotia во Грција, параграф 142 погоре; Natoniewski во Полска, параграфи 144-146 погоре; Bucheron и Grosz во Франција, параграф 147 погоре; A.A. во Словенија, параграфи 148-149 погоре; и Al‑Adsani во Обединетото Кралство).
198. Сепак, не е потребно Судот да ги анализира сите овие одлуки детално, затоа што во скорешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во случајот Германија против Италија (види параграфи 88-94 погоре) – која Судот мора да ја следи во делот кој се однесува на меѓународното обичајно право – јасно се утврдува дека, во февруари 2012 година, не бил искристализиран јус когенс исклучок од правилата за имунитет на државите. Затоа не може да се каже дека примената на одредбите на Законот од 1978 година од страна на англиските судови при признавањето на барањето на имунитет од страна на Кралството Саудиска Арабија во 2006 година, претставувала неоправдано ограничување на правото на пристап до суд. Затоа, следува дека немало повреда на член 6, став 1 од Конвенцијата во однос на отфрлањето на тужбата на г-н Jones поднесена против Кралството Саудиска Арабија.
(д) Примена на општите начела во поглед на тужбата поднесена против службените лица
199. Сите четворица жалители се жалеа дека тие не можеле да поднесат граѓанска тужби против службените лица. Судот мора да испита дали одбивањето да се дозволи разгледување на овие тужби било во согласност со член 6, став 1 од Конвенцијата, со примена на општиот пристап елабориран во пресудата во Al‑Adsani.
200. Што се однесува на легитимноста на целта која требало да се оствари со ограничување на пристапот до суд, треба да се воочи дека во случаите за имунитет на државите претходно разгледани од Судот, граѓанската тужба била поднесена против самата држава, а не против поединци. Сепак, имунитетот применет во постапка против службени лица останува имунитет на „државата“: државата се повикува на него, и државата е таа која може да се откаже од имунитетот. Кога, како во овој случај, давањето на имунитет ratione materiae на службените лица било со намера да се почитува меѓународното право за имунитет на државите, тогаш како и во случај кога е даден имунитет на самата држава, целта на ограничувањето на пристапот до суд е легитимна.
201. Со оглед на тоа што мерките кои се одраз на општо прифатени норми на меѓународното јавно право за имунитет на државите во принцип не може да се смета дека наметнуваат несразмерно ограничување на правото на пристап до суд, единственото прашање кое треба да се испита во поглед на тужбата на жалителите е дали давањето на имунитет ratione materiae на службените лица било израз на тие норми. Судот затоа ќе испита дали имало општо правило во меѓународното јавно право кое наложувало домашните судови да го прифатат барањето на Саудиска Арабија за државен имунитет на службените лица, и ако е тоа така, дали има докази за било какво специјално правило ило исклучок во случаи на наводна тортура.
(i) Постоење на општо правило
202. Првото прашање е дали давањето на имунитет ratione materiae на службени лица е одраз на општо прифатени правила на меѓународното јавно право. Судот во претходни случаи има прифатено дека давањето на имунитет на државата е израз на такви правила. Со оглед на тоа што еден акт не може да биде извршен од самата држава, туку само од поединци кои постапуваат во име на државата, кога државата може да се повика на имунитет, тогаш почетна точка мора да биде дека имунитетот ratione materiae важи за акти на службени лица. Доколку не би било така, имунитетот на државата секогаш би можел да се заобиколи со поднесување тужби против службени лица. Овој прагматичен пристап се гледа во дефиницијата на поимот „држава“ во Конвенцијата на ООН од 2004 година (види параграф 76 погоре), која предвидува дека тој поим подразбира и преставници на државата кои постапуваат во тоа својство. Специјалниот известувач на Комисијата за меѓународно право, во неговиот втор извештај, кажал дека било „прилично широко прифатено“ дека имунитетот на службените лица бил „правило“, и дека немањето имунитет во конкретен случај би зависело од утврдувањето дека постои или специјално правило или пракса и opinio juris кои покажуваа дека се појавиле исклучоци од општото правило (види параграф 96 погоре).
203. Исто така постои обемна судска пракса на домашно и меѓународно право во која се заклучува дека актите извршени од службени лица додека се на должност, во смисла на имунитет, дека ѝ се припишат на државата во чие име тие постапуваат. Така, во случајот Propend, англискиот Апелационен суд одлучил дека имунитетот кој ѝ е доверен на државата по основ на Законот од 1978 година мора да се сфати на начин дека на службените лица им дава „заштита од ист степен како и за самата држава“ (види параграфи 42-43 погоре). Во Канада, Апелациониот суд во предметот Jaffe заклучил дека поимот „држава“ во релевантниот закон се однесувал на службени лица кои постапуваат додека се на должност (види параграф 127 погоре). Во Fang, Високиот суд во Нов Зеланд одлучил дека имунитетот на државата попатно обезбедувал имунитет ratione materiae од тужби против лица чие постапување во вршењето на службена должност било оспорено (види параграф 135 погоре). Во Zhang, австралиски Апелационен суд одлучил дека Законот за имунитет се однесувал на службени лица затоа што тие имале право на имунитет согласно прецедентното право и дека Законот не го променил тоа (види параграф 138 погоре). Иако Врховниот суд на САД во случајот Samantar одлучил дека службените лица не влегувале под поимот „држава“ во смисла на релевантниот закон, тој појаснил дека нивниот имунитет е регулиран со прецедентното право, затоа што Законот се сметал само за делумна кодификација на правилата за имунитет на САД (види параграф 122 погоре). Апелациониот суд за четвртиот округ [Court of Appeal (Fourth Circuit)] покасно прифатил дека, во принцип, службените лица можеле да уживаат имунитет за акти извршени додека работеле за државата (види параграфи 122-124 погоре). Во предметот Blaškić, Хашкиот трибунал службените ица кои постапуваат во службено својство ги опишал како „инструменти на државата“ и објаснил дека тие имале „функционален имунитет“ (види параграф 81 погоре). Во случајот Џибути против Франција, Меѓународниот суд на правдата се повикал на можноста која ја имала Владата на Џибути да тврди дека актите на две службени лица биле акти на државата, и дека тие лица биле органи, агенции или инструменти на државата во вршењето на тие акти (види параграфи 86-87 погоре).
204. Затоа прецедентите на меѓународно и домашно ниво се чини дека одат во прилог на ставот дека државниот имунитет во принцип на вработените или службените лица на странски држави им нуди заштита во поглед на акти преземени во име на државата на ист начин како што ја штити самата држава.
(ii) Постоење на специјално правило или исклучок во однос на акти на тортура
205. Од горенаведеното е јасно дека физичките лица имаат државен имунитет ratione materiae само кога спорните акти биле извршени при исполнување на нивите службени должности. Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност упатува на претставници на државата „кои постапуваат во тоа својство“ (види параграф 76 погоре). Фактот дека нема општ јус когенс исклучок во однос на правилата за имунитет на државата затоа не е одлучувачки во однос на тужби против конкретни службени лица.
206. Конвенцијата против тортура ја дефинира тортурата како акт извршен од „службено лице или било кое друго лице кое постапува во службено својство“. Оваа дефиниција се чини дека го поддржува аргументот дека акти на тортура може да бидат извршени во „службено својство“ во смисла на имунитет на државата. Точно е дека образложението на лордот судија Mance во Апелациониот суд во овој предмет било дека тој не бил сигурен дали службените лица мора да „постапувале во службено својство“ за да извршат тортура во смисла на член 1 од Конвенцијата против тортура (види параграф 16 погоре). Сепак, после опсежна анализа на изворите на меѓународното право, ова образложение било отфрлено едногласно од Домот на лордови. Лордот Bingham, поконкретно, посочил дека единствената судска пракса на која се повикале жалителите во поддршка на нивниот аргумент, коjaшто била од САД, не ги изразувала принципите кои се широко прифатени и следени од другите држави (види параграф 28 погоре).
207. Нацрт членовите за одговорност на државата пак, предвидуваат правила за припишување на акти како акти на државата, врз основа на тоа дека тие биле извршени или од органи на државата согласно нејзината дефиниција во член 4 од Нацрт членовите (види параграф 107 погоре) или од лица овластени со закон на таа држава да вршат елементи на државна власт и кои постапуваат во тоа својство, како што е дефинирано во член 5 од Нацрт членовите (види параграф 108 погоре). Жалителите не негираа дека актите на тортура на кои тие биле наводно подложени доведувале до одговорност на државата Саудиска Арабија. Но, треба да се воочи дека Нацрт членовите се однесуваат само на прашањето дали државата е одговорна за оспорените акти, затоа што штом е утврдена одговорност на државата, може да дојде до обврска да се обезбедеди обештетување согласно меѓународното право. Нема сомневање дека поединците може во определени околности да бидат и лично одговорни за противправни акти кои доведуваат до одговорност на државата и дека оваа лична одговорност оди паралелно со одговорноста на државата за истите акти. Оваа можна двојна одговорност е изразена во член 58 од Нацрт членовите, кој предвидува дека правилата за припишување одговорност не влијаат врз евентуално прашање за лична одговорност согласно меѓународното право за секое лице кое постапува во име на државата (види параграф 109 погоре). Тоа се гледа јасно во казнено-правен контекст, каде индивидуалната кривична одговорност за акти на тортура постои заедно со одговорноста на државата (види параграфи 44-56, 61 и 150-154 погоре). Така, како што покажува постоењето на индивидуалната кривична одговорност, дури и ако службениот карактер на актите е прифатен во смисла на одговорност на државата, тоа само по себе не е одлучувачко за тоа дали, согласно меѓународното право, барањето на имунитет секогаш треба да се усвои во однос на истите акти.
208. Пред Судот се тврдеше дека било какво правило од меѓународното јавно право со кое се дава имунитет на службени лица било укинато со усвојувањето на Конвенцијата против тортура која, наводно, во својот член 14 предвидува универзална надлежност во граѓански постапки. Овој аргумент е поткрепен од Комитетот против тортура, кој може да се сфати дека го толкува член 14 дека им наложува на државите да обезбедат граѓански правни лекови во случаи на тортура без разлика на тоа каде била вршена тортурата (види параграфи 66-68 погоре). Сепак, жалителите не посочија ниту една одлука на Меѓународниот суд на правдата или меѓународни арбитражни трибунали во кои се нагласува овој принцип. Ова толкување беше исто така отфрлено од судовите на Канада и Обединетото Кралство (види параграфи 15, 29-30 и 128 погоре). САД вложија резервација кон Конвенцијата во која го искажуваат нивното сфаќање дека одредбата била замислена да наложува обештетување само за акти на тортура извршени на територија на државата пред која се води постапка (види параграф 64 погоре). Затоа, прашањето дали Конвенцијата за тортура довела до универзална надлежност за граѓанска постапка е далеку од разрешено.
209. Инструментите и документите на меѓународното право за имунитет на државите малку се осврнуваат на прашањето за имунитет на службени лица за акти на тортура. Ова прашање не е директно регулирано со Конвенцијата од Базел или со Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност. Пред усвојувањето на Конвенцијата на ООН, работна група на Комисијата за меѓународно право потврдила постоење на определен степен на поддршка за ставот дека на службените лица не треба да им биде дозволено да бараат имунитет за акти на тортура извршени на територија на нивната држава ниту во граѓанска ниту во кривична постапка, но таа не предложила измена на Нацрт членовите (види параграф 79 погоре). Иако била утврдено определено движење во насока кон утврдување на исклучок од имунитет на државата во тој поглед, било прифатено дека сè уште нема консензус по тоа прашање. Треба да се забележи дека три од четиринаесетте држави договорнички на Конвенцијата на ООН за имунитет од судска надлежност доставиле декларации дека Конвенцијата нема да влијае врз промени во меѓународното право во врска со заштита на човековите права (види параграф 80 погоре). Резолуција од 2009 година на Институтот за меѓународно право ги повика државите да размислат за откажување од имунитет кога меѓународни кривични дела биле наводно извршени од нивни службени лица, но исто со неа не се декларира дека имунитетот ratione materiae во однос на меѓународни кривични дела важи во граѓанска постапка. Во резолуцијата се кажува дека таа не влијае врз правилата за припишување на акти како акти на државата и врз правилата за имунитет на самата држава (види параграфи 103-106 погоре). Во Furundzija, анализирајќи го ефектот на јус когенс статусот на забраната на тортура, Хашкиот трибунал коментирал дека жртвата на мерка на државата со која се дозволува или поддржува тортура или со која се ослободуваат извршителите од вина „можела да поднесе граѓанска тужба за надомест на штета пред странски суд“(види параграф 82 погоре); што точно судот сакал да каже со оваа реченица не е јасно од пресудата. Судиите Higgins, Kooijmans и Buergenthal во нивното издвоено мислење во одлуката на Меѓународниот суд на правдата во случајот Arrest Warrant исто така се повикаа на сè погласните мислења дека тешките дела против меѓународното право не може да се сметаат за службени акти и забележаа дека тој став постепено почнувал да се одразува и во праксата на државите (види параграф 85 погоре), иако во пресудата на Домот на лордови во овој случај и лордот Bingham и лордот Hoffmann понудија правни причини поради кои тие не се убедени од тие мислења (види, посебно параграфи 30 и 35 погоре).
210. Се чини дека има малку развиена судска пракса на домашните судови во однос на граѓански тужби поднесени против конкретни службени лица за повреди на јус когенс норми. Во пракса неколку држави се имаат соочено со ова прашање. Одговорите кои тужената држава ги доби од други држави членки на Советот на Европа (види параграф 110 погоре) беа воглавно хипотетички и не дозволуваат да се извлече било каков заклучок во однос на степенот во кој домашните закони признаваат службен карактер на акти на тортура во контекст на имунитет на државите. Сепак, постојат некои други примери од други држави со систем на прецедентно право. Во предметот Hashemi во Канада, Апелациониот суд во Квебек одлучил дека релевантниот закон се применувал на службени лица на странска држава дури и во случаи во кои има наводи за тортура. Судот се повикал на дефиницијата на тортура во Конвенцијата против тортура, неговата претходна одлука во случајот Jaffe и мислењето на лордот Hoffman во пресудата на Домот на лордови во случајот на жалителите (види параграфи 129-133 погоре). Сепак, предметот во моментов е пред Врховниот суд (види параграф 134 погоре). Во Нов Зеланд, Високиот суд во случајот Fang исто така се повикал на пресудата на Домот на лордови во случајот на жалителите при отфрлањето на аргументите во прилог на исклучок од правилата за имунитет на државите во постапки против службени лица за тортура, сметајќи дека е соодветно судовите во Нов Зеланд да „земат водство“ во прифаќањето на нови трендови во меѓународното право (види параграф 135-136 погоре). Во Австралија, Апелациониот суд во предметот Zhang одби да го прифати аргументот дека повредите на јус когенс норми не можат да бидат службени акти во смисла на имунитет на државите, повикувајќи се на недвосмислениот карактер на домашниот закон и обврската на автралиските судови да го применуваат тој закон(види параграфи 138-139 погоре).
211. Ова прашање било предмет на поопширна анализа во САД. После одлуката на Апелациониот суд во предметот Chuidian дека поимот „држава“ во релевантниот закон можел да се однесува на службени лица, но дека законот не би штител службено лице кое ги пречекорува своите надлежности Сојузните окружни судови не признавале имунитет во случаи на тортура од причина што тие акти не можеле да се сметаат дека спаѓаат во рамките на законските овластувања на службеното лице (види параграф 119 погоре). Покасно, апелационите судови во предметите Belhas и Matar признале имунитет ratione materiae во случаи во кои имало наводни повреди на јус когенс норми (види параграфи 120-121 погоре). Сепак, нивната правна сила е во прашање после заклучокот на Врховниот суд во случајот Samantar дека релевантниот закон не се однесуал на службените лица воопшто и дека тоа прашање било регулирано само со прецедентното право (види параграф 122 погоре). Со неодамнешната пресуда на Апелациониот суд во врска со степенот на имунитет од аспект на прецедентното право во случајот Samantar не се признава имунитет ratione materiae на службени лица од причина што повредите на јус когенс не биле легитимни службени акти (види параграф 122-124 погоре). На денот кога овој Суд ја донесе оваа пресуда, по случајот сè уште нема одлучено Врховниот суд (види параграф 125 погоре).
212. Надвор од контекстот на граѓанска постапка, определена поддршка за аргументот дека тортура не може да биде извршена во „службено својство“ може да се најде во кривични предмети. Во случајот Pinochet (бр. 3), лордот Browne-Wilkinson и лордот Hutton сметале дека треба да има убедливи причини за да се каже дека после влегувањето во сила на Конвенцијата против тортура, применувањето на тортура не можело да се смета за акт на државата (види параграфи 47-48 и 51 погоре), иако со овој пристап не се согласиле останатите судии (види го особено мислењето на лордот Hope во параграф 49 погоре). Во предметот Bouterse, Апелациониот суд во Амстердам одлучил дека вршењето на многу тешки кривични дела (во овој случај, тортура) не можело да се смета како една од службените должности на шеф на држава (види параграф 151 погоре). Ова прашање било анализирано од швајцарскиот Сојузен кривичен суд во предметот A., иако отфрлањето на барањето за имунитет не било директно засновано на наоѓање дека тортурата не можела да биде „службен акт“(види параграфи 152-153 погоре). Г-н Kolodkin, именуван за Специјален известувач на Комисијата за меѓународно право во контекст на нејзината студија за имунитетот на службени лица од кривични постапки во странски држави, во неговиот втор извештај споменал „прилично широко прифатен“ став дека тешките кривични дела против меѓународното право не можеле да се сметаат за акти извршени во службено својство (види параграф 99 погоре). Сепак, за оваа изјава немало согласност во Комисијата и понатамошни коментари по ова прашање се очекуваат од новиот Специјален известувач, г-ѓа Hernandez, до 2014 година (види параграф 100 погоре). Јасно е дека со оглед на можноста во некои држави жртвите да поднесат барање за надомест на штета во рамките на кривична постапка, секаква разлика во пристапот кон имунитетот ratione materiae во граѓански и кривични предмети ќе има влијание врз степенот во кој надоместот на штета ќе биде достапен во други држави. Сепак, иако ова е прашање кое несомнено наложува понатамошно размислување во контекст на судски одлуки за имунитет или во контекст на активностите на тела кои работат со меѓународното право, само по себе не е доволна причина за овој Суд да заклучи дека давањето на имунитет во овој случај не било одраз на општо прифатените правила на меѓународното јавно право.
213. Со оглед на погоре кажаното, иако според Судот се појавува поддршка во полза на специјално правило или исклучок во меѓународното јавно право во случаи на граѓански тужби за акти на тортура поднесени против странски службени лица, поголемиот дел од прецедентите, како што кажал Лордот Bingham во Домот на лордови во пресудата за овој случај, се во насока дека правото на имунитет на државите не може да биде заобиколено преку тужење на службеници или агенти на државата. Земајќи ги предвид најубедливите аргументи на жалителите, има докази на понова дебата во врска со сфаќањето на дефиницијата на тортура во Конвенцијата против тортура, на интеракцијата помеѓу имунитетот на државата и правилата за припишување одговорност во Нацрт членовите за одговорност на државите; како и сфаќањето на опсегот на примена на член 14 од Конвенцијата против тортура (види параграфи 206-208 погоре). Сепак, праксата на државите по ова прашање e во состојба на постојани промени, и има одлуки со кои се дава и одлуки со кои се одбива имунитет ratione materiae во такви случаи. Најмалку два предмета по ова прашање се пред домашните Врховни судови, еден во САД, а другиот во Канада (види параграфи 125 и 134 погоре). Може да се каже дека меѓународното мислење по ова прашање почнува да се развива, како што се виде неодамна од работата на Меѓународната комисија за право во кривични предмети. Оваа работа продолжува и може да очекуваат понатамошни промени.
214. Во овој случај, јасно е дека Домот на лордови во целост ги анализирал сите релевантни аргументи во врска со постоењето на можен исклучок од општото правило за имунитет на државите во поглед на граѓански тужби за тортура (види и спореди со Sabeh El Leil, цитиран погоре, параграфи 63-67; Wallishauser, цитиран погоре, параграф 70; и Oleynikov, цитиран погоре, параграфи 69-72). Во опсежна и сеопфатна пресуда (види параграфи 24-38 погоре) Домот на лородви заклучил дека меѓународното обичајно право не дозволува никаков исклучок – во врска со наводи на постапување кое претставува тортура – од општото правило на имунитет ratione materiae за службени лица во поглед на граѓански тужби во случаи кога имунитет има самата држава. Наодите на Домот на лордови не се ниту очигледно погрешни, ниту арбитрерни, туку се засновани на темелно користење на документи од меѓународното право и анализа на правните аргументи на жалителите и пресудата на Апелациониот суд, кој одлучил во полза на жалителите. Други домашни судови детално ги анализирале заклучоците на Домот на лордови во овој случај и ги сметале тие заклучоци за многу убедливи (види параграфи 131-133 и 135 погоре).
215. Во овие околности, Судот е убеден дека давањето на имунитет на службените лица во овој случај било одраз на општо прифатените правила на меѓународното јавно право. Затоа, примената на одредбите на Законот од 1978 година при признавањето на имунитет на службените лица во граѓанските постапки на жалителите, не претставувала неоправдано ограничување на правото на жалителите на пристап до суд. Сепак, со оглед на промените кои се во тек во оваа област на меѓународното јавно право, ова е прашање кое мора да биде преиспитувано од државите договорнички.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучува, едногласно, да ги спои постапките по жалбите;
2. Ги прогласува, едногласно, жалбите за допуштени;
3. Одлучува, со шест гласа за и еден против, дека немало повреда на член 6, став 1 од Конвенцијата во поглед на тужбеното барање на
г-н Jones против Кралството Саудиска Арабија;
4. Одлучува, со шест гласа за и еден против, дека немало повреда на член 6, став 1 во поглед на тужбените барања на жалителите против конкретни службени лица.
Изработена на англиски јазик, и доставена во писмена форма на 14 јануари 2014 година, врз основа на правило 77, став 2 и став 3 од Правилата на Судот.
Françoise Elens-PassosIneta Ziemele
СекретарПретседател
Во согласност со член 45, став 2 од Конвенцијата и правило 74, став 2 од Правилата на Судот, издвоените мислења на судијата Bianku и судијата Kalaydjieva се приклучени кон оваа пресуда.
I.Z.
F.E.P.
Издвоените мислења не беа преведени, но се појавуваат на англиски јазик во верзиjaта на официјален јазик на пресудата која може да се најде во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2014
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се преземе од HUDOC базата на податоци на судска пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на случајот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако целта е да се употреби било кој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy