© This translation was done by the Academy for Judges and Public Prosecutors of the Republic of Macedonia: http://www.jpacademy.gov.mk/Default.aspx?page=29. Permission to re-publish this translation has been granted for the sole purpose of its inclusion in the Court’s database HUDOC.
© Овој превод е изготвен при “Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија”: http://www.jpacademy.gov.mk/Default.aspx?page=29. Судот доби дозвола повторно да го објави овој превод единствено за да го вклучи во својата база на податоци: HUDOC.
ТРЕТ ОДДЕЛ
ПРЕДМЕТОТ КАЛАШНИКОВ против РУСИЈА
(Апликација бр. 47095/99)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
15 јули 2002 година
ПРАВОСИЛНА
15/10/2002
Оваа пресуда ќе стане правосилна во околностите утврдени во членот 44 § 2 од Конвенцијата. Може да подлежи на уредничка ревизија.
Во предметот Калашников против Русија,
Европскиот суд за правата на човекот (Трет оддел), заседавајќи како Совет во состав од:
Г. Ј.-П.КОСТА, Претседател,
Г. В. ФИРМАН,
Г. Л. ЛУКАИДЕС,
Сер НиколасБРАЦА,
Г-ѓа Х.С. ГРЕВ,
Г. К. ТРАЈА,
Г. А. КОВЛЕР, судии,
и Г-ѓа С. ДОЛЕ, Секретар на Одделот,
Одлучувајќи зад затворени врати на 18 септември 2001 и на 24 јуни 2002 година,
Ја донесоа следнава пресуда, којашто беше усвоена на последниот наведен датум:
ПОСТАПКА
1. Предметот е формиран врз основа на апликацијата (бр. 47095/99) против Руската Федерација поднесена до Судот во согласност со членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на руски државјанин, Валери Јермилович Калашников („апликантот“) на 1 декември 1998 година.
2. Апликантот се пожалил особено на условите на неговиот притвор, должината на притворот и должината на кривичната постапка против него.
3. Апликацијата била доделена на поранешниот Трет оддел на Судот (Правило 52 § 1 од Деловникот на Судот). Во рамките на тој Оддел беше основан Советот задолжен за разгледувањето на предметот (член 27 § 1 од Конвенцијата), како што е предвидено со Правилото 26 § 1 од Деловникот на Судот.
4. И апликантот и Владата доставија поднесок за прифатливоста и предметноста (Правило 54 § 3(б)). Страните доставија писмен одговор на поднесоците.
5. Се одржа јавна расправа за прифатливоста и предметноста во Зградата за човекови права, Стразбур, на 18 септември 2001 година (Правило 54 § 4).
Пред Судот се појавија:
(а) за Владата г. П. ЛАПТИЕВ, Претставник на Руската Федерација пред ЕСЧП, Г. Ј. БРЕСТНЕВ, Г. С. ВОЛКОВСКИ, Г. С. РАЗУМОВ, Г. Ј. КАЛИНИН, Советници;
Г. К. БАХТИАРОВ, Г. О. АНКУДИНОВ, Г. В. ВЛАСИХИН, Експерти;
(б) за апликантот Г-ѓа К. МОСКАЛЕНКО, од Московскиот меѓународен центар за заштита, Г. Н. СОНКИН, од Московскиот регионален адвокатски совет, Г. В. КАЛАШНИКОВ, Апликант.
6. Судот ги сослуша обраќањата на г. П. Лаптев, г-ѓа К. Москаленко и г. Н. Сонкин, и одговорите на г. В. Власихин, г. П. Лаптев и г-ѓа К. Москаленко на прашањата од тројца судии.
На барање на Судот, Владата поднесе фотографии од ќелијата во која бил притворен апликантот. Тие исто така доставија видео снимка од реновираната ќелија и од соседниот простор, а реновирањето датира од периодот по ослободувањето на апликантот.
7. Со одлука од 18 септември 2001 година, Судот ја прогласи апликацијата за делумно прифатлива.
Потоа, одлучи дека не е неопходна теренска инспекција или „мисија за утврдување на фактите“ затоа што поседувал доволно материјал во предметното досие врз основа на кое можел да донесе заклучок. Судот особено сметал дека теренската посета не би била од корист затоа што тековните услови во ќелијата, како што е прикажано на видео снимката, повеќе не наликувале на условите коишто биле применливи во периодот на притворот на апликантот, како што е потврдено од современите фотографии.
8. На 1 ноември 2001 година, Судот го сменил составот на неговите Оддели (правило 25 § 1), но овој предмет останал кај Советот основан во рамките на поранешниот Оддел III.
9. Страните не доставиле дополнителни поднесоци за предметот на апликацијата.
10. На 28 декември 2001 година, апликантот поднел барање за правичен надомест согласно членот 41 од Конвенцијата, по кое Владата поднела коментари.
ФАКТИТЕ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
11. Апликантот е роден во 1955 година и живее во Москва. Во засегнатиот период бил претседател на Северо-источната комерцијална банка (Северо – Восточный Акционерный Банк).
12. На 8 февруари 1995 година, била поведена кривична постапка против апликантот, а подробностите за истата се дадени во поднасловот Б подолу. На 29 јуни 1995 година, апликантот бил лишен од слобода и со пресуда од Магаданскиот градски суд (Магаданский городской суд) од 3 август 1999 година, бил осуден за проневера и осуден на затворска казна.
A. Условите на притворот
13. Од 29 јуни 1995 до 20 октомври 1999 година, апликантот бил задржан во притворската установа ИЗ-47/1 во градот Магадан (Истражно изолационо одделение бр. 1 (СИЗО-1)). На 20 октомври 1999 година, бил пратен на издржување на казната по изрекувањето на пресудата од Градскиот суд на 3 август 1999 година во казнено-поправната установа АВ-261/3 во селото Талаја. На 9 декември 1999 година, бил префрлен назад во притворската установа објект во Магадан, каде што останал до неговото пуштање на слобода на 26 јуни 2000 година.
1) Поднесоците на апликантот за фактите
14. Во врска со првиот период од неговиот притвор во притворската установа во Магадан, апликантот тврди дека го држеле во ќелија со големина од 17 метри квадратни („м2“), каде што имало 8 кревета на спрат. Меѓутоа, речиси секогаш биле сместени 24 притвореника, а во ретки случаи оваа бројка паѓала на 18. Поради тоа што имало по три лица по кревет на спрат, притворениците спиеле на смени. Останатите лежеле или седеле на под или на картонска кутија чекајќи го својот ред. Било невозможно да се спие нормално затоа што постојано бил вклучен телевизорот, а во текот на денот имало голема гужва во ќелијата. Светлото во ќелијата никогаш не било изгасено.
15. Тоалетната школка во аголот од ќелијата воопшто не нудела приватност. Била одделена од лавабото со преграда, но не од дневниот простор и од трпезариската маса. Тоалетната школка била подигната од подот половина метар, а преградата била висока 1,1 метар. Така, лицето што го користело тоалетот било изложено не само на погледите од сопритворениците, туку и од затворскиот чувар што ги надгледувал притворениците преку шпиунка во вратата.
Притворениците ги јаделе оброците во ќелијата на трпезариска маса што се наоѓала само еден метар од тоалетот. Оброците биле со слаб квалитет.
16. Во ќелијата, каде што немало вентилација, било загушливо жешко во лето, и многу студено во зима. Поради лошиот квалитет на воздухот во ќелијата, постојано морало да има отворен прозорец. Поради тоа што бил опкружен од страстни пушачи, апликантот принудно станал пасивен пушач. Апликантот тврди дека никогаш не му бил даден соодветен кревет, прибор за јадење, ниту кујнски прибор. Од управата добил само еден ватиран душек и тенко фланелско ќебе, и морал да го позајмува кујнскиот прибор од сопритворениците кои таквите елементи ги имале добиено од свои роднини.
17. Ќелиите од притворската установа биле преплавени со бубашваби и мравки, но никогаш немало обид да се исчистат. Единствената санитетска мерка била тоа што еднаш неделно чуварите им давале на притворениците еден литар хлориден дезинфектант за тоалетот.
18. Апликантот се здобил со мноштво кожни билести и габични инфекции поради кои ги загубил ножните нокти, а и некои од ноктите на рацете. Во текот на судењето, од 11 ноември 1996 до 23 април 1997 година, и од 15 април 1999 до 3 август 1999 година, бил наложен прекин за да биде лекуван од шуга.
Во шест наврати во неговата ќелија биле сместувани притвореници со туберколоза и сифилис, а тој примал профилактички антибиотски инјекции.
19. Апликантот во својот поднесок навел дека можел да се прошета надвор од својата ќелија еден час дневно и обично можел да се истушира со топла вода два пати месечно.
20. На крај, апликантот навел дека по неговиот трансфер назад во истата установа на 9 декември 1999 година, притвореничките услови не биле суштински подобрени. Ни тогаш не добил соодветен кревет, крпи или кујнски прибор. Не му било достапно третирање на неговата кожна билест поради недостаток на соодветни лекарства. Неговата ќелија се уште била преплавена со бубашваби и не била третирана против наезди пет години. Меѓутоа, во март-април 2000 година, бројката на притвореници во неговата ќелија со 8 кревети била намалена на 11.
1) Поднесоците на Владата за фактите
21. Владата тврдела дека ќелијата на апликантот изнесувала 20,8 м2. Апликантот имал посебно место за спиење, кревет, кујнски прибор и пристап до здравствена нега. Ќелијата била наменета за 8 притвореника. Во контекстот на општата пренаселеност на притворската установа, секој кревет во ќелијата го користеле по 2 или 3 притвореника. Во ќелијата на апликантот имало по 11 или повеќе притвореника во секое време. Обично бројката на притвореници изнесувала 14. Креветите ги користеле по неколку притвореници во смени по осум часа спиење по притвореник. Сите притвореници добивале полнети душеци, памучни покривачи и чаршави.
22. Ќелијата на апликантот била опремена со санитарна единица, вклучувајќи тоалетна школка и мијалник.Тоалетната школка се наоѓала во аголот од ќелијата и била одделена од дневниот простор со преграда–висока 1,1 метар–со што се обезбедувала приватност.Таквите стандарди биле утврдени со „Директивите за планирање и изградба на притворските установи од Министерството за внатрешни работи на СССР“, одобрени на 25 јануари 1971 година.
Владата доставила фотографии до Судот на кои била прикажана ќелијата на апликантот, за којашто апликантот тврдел дека била благо подобрена од почетокот на неговиот притвор.Владата исто така доставила видео снимка од објектите по ослободувањето на апликантот и од нивното реновирање.
23. Во ќелијата имало прозорци за свеж воздух и дневна светлина.Имало можност да се опреми ќелијата со систем за вентилација.Во топли временски услови можело да се отвори вратата од ќелијата за подобра вентилација.На притворениците исто така можело да им донесат компактни вентилатори нивните роднини.
24. Во ќелијата имало телевизор што му припаѓал на апликантот, којшто можел да контролира кога ќе биде вклучен или исклучен.Биле пренесувани програми само во текот на денот во регионот.
25. На 11 февруари 1998 година, на еден сопритвореник во ќелијата на апликантот му бил дијагностициран сифилис.Тој притвореник веднаш бил преместен во посебна ќелија и подлегнал на целосно лекување на болеста.Останатите притвореници, вклучително и апликантот, коишто ја делеле ќелијата со заболениот притвореник, подлегнале на соодветно превентивно лекување на 26 февруари 1998 година, како и на серолошки контролни мерки.Сето тоа било извршено согласно „Упатствата за лекарска нега на лица задржани во притворски установи и казнено-поправни трудови институции при Министерството за внатрешни работи на СССР“, одобени на 17 ноември 1989 година.
Во јануари 1999 година, еден од блоковите во притворската установа бил затворен поради поправки, а притворениците биле префрлени во други ќелии каде што имало празно место.Притворениците кои биле префрлени во ќелијата на апликантот таму останале една недела, а некои од нив биле заболени од туберколоза.Меѓутоа, според мислењето на лекарскиот персонал, овие не претставувале опасност за другите притвореници затоа што подлежеле на вонболничко медицинско лекување.
На 2 јуни 1999 година, во ќелијата на апликантот бил донесен притвореник кому му била дијагностицирана резидуална туберколоза.Притвореникот подлегнал на третман за превенција на релапс во времетраење од два месеци.Поради тоа што не страдал од отворена форма на туберкулоза, не постоела опасност од нејзин пренос на другите притвореници.
Апликантот подлегнал на неколку флуорографски испитувања коишто не покажале абнормалност на неговиот торакс.
На 15 јуни 1999 година, во ќелијата на апликантот бил сместен притвореник којшто се лечел од сифилис.Последователнинте лекарски прегледи покажале негативни резултати.Анализите на крв извршени во врска со истово врз апликантот биле исто така негативни.
26. Апликантот бил систематски испитуван од лекарскиот персонал и добил лекарска помош од дерматолог, терапевт и стоматолог.Кога на апликантот му биле дијагностицирани разни болести (неуроцирулаторна дистонија, шуга и габична инфекција), веднаш добил медицинска нега.Во текот на процесот се прогласувале прекини за да му се овозможи лечење на апликантот.
27. Апликантот можел да се тушира на 7 дена и му било дозволено да се шета надвор од својата ќелија до 2 часа на ден.
28. На крај, Владата навела дека за да се спречи појавата на заразни болести, притворските установи преземаат дезинфекција како профилактичкамерка за да се обезбеди навременото искоренување на патогени микро-организми, членкоподи и глодари, и тоа во согласност со горенаведените министерски упатства од 1989 година. Сепак, било заклучено дека наездата од инсекти на притворските установи претставувала проблем.
3) Медицинска евиденција и извештај од вештак
29. Според медицинската евиденција на апликантот, имал шуга во декември 1996 година, алергиски дерматит во јули и август 1997 година, габична инфекција на стапалата во јуни 1999 година, габична инфекција на нокот на раката во август 1999 година, микоза во септември 1999 година и габична инфекција на неговите стапала, раце и слабината во октомври 1999 година. Во евиденцијата исто така стои дека апликантот бил третиран за овие медицински состојби.
30. Во извештајот од медицинските вештаци издаден во јули 1999 година се вели дека апликантот страдал од невроциркулаторна дистонија, астено-невротичен синдром, хроничен гастродуоденитис, габична инфекција на неговите стапала, раце и слабина и микоза.
Б. Кривичната постапка и жалбите против притворот
31. На 8 февруари 1995 година, апликантот станал осомничен за проневера на средства од неговата банка и подлегнал на превентивна мерка во облик на забрана за напуштање на одредено место.На кривичниот предмет му бил доделен бројот 48529.
32. На 17 февруари 1995, бил и формално обвинет за бесправно присвојување на 2.050.000 акции од друго друштво.
33. На 29 јуни 1995, со налог од истражителот, којшто бил одобрен од обвинителот, апликантот бил уапсен и ставен во притвор пред судење врз основа на тоа дека го попречувал утврдувањето на вистината во кривичната постапка.Поконкретно, во налогот било наведено, со упатување на конкретни примери, дека апликантот одбил да предаде одредени банкарски документи неопходни за истрагата, вршел притисок врз сведоци и фалсификувал документи.Налогот исто така упатил и на тежината на делото за коешто бил обвинет апликантот.
Притворот на апликантот последователно бил продолжен од надлежниот обвинител на неопреелено време.
34. На 4 јули 1995, 31 август 1995 и 26 септември 1995 година, бранителот на апликантот поднел барање за ослободување од притвор до Магаданскиот градски суд, што ги одбил на 14 јули 1995, 9 септември 1995 и 4 ноември 1995 година, соодветно.
35. Апликантот тврдел дека од август 1995 до ноември 1995 година не се одвивале истражни дејствија затоа што двајцата иследници задолжени за предметот биле на одмор, а лицето на коешто му бил привремено доверен предметот не презел никакво дејство.
36. На 14 декември 1995 година, апликантот бил обвинет за уште 8 дополнителни дела во врска со проневерата на средствата од неговата банка.
37. На 6 февруари 1996 година, завршила претходната истрага за обвиненијата против апликантот и предметот бил пратен до Магаданскиот градски суд.
38. На 1 март 1996 година, апликантот доставил барање до Градскиот суд да биде пуштен од притвор, коешто било одбиено на 27 март 1996 година.
39. Истиот ден, Градскиот суд одлучил да му го додели предметот на обласниот обвинител на Магадан на дополнителна истрага.Овој, пак, вложил жалба против одлуката до Магаданскиот областен суд (Магаданский областной суд) којшто, на 29 април 1996 година, ја одбил жалбата.
40. По дополнителната истрага од 15 мај 1996 година, Обласниот обвинител го упатил предметот до Градскиот суд на 19 јуни 1996 година.
41. Во меѓувреме, на 16 мај 1996 година, апликантот поднел барање за ослободување од притвор до Градскиот суд во кое навел дека го чуваат во лоши услови и дека неговото здравје се влошило.Неговото барање за ослободување било одбиено на 26 мај 1996 година.
На 23 јуни 1996 година, апликантот поднел уште едно барање за ослободување.
42. На 11 ноември 1996 година, Градскиот суд започнал да го испитува предметот на апликантот.Истиот тој ден го одбил неговото барање за ослободување од 23 јуни 1996 година.
43. На рочиштето од 27 декември 1996 година, апликантот побарал од Градскиот суд да го пуштат од притвор врз медицински основ.Навел дека имало 21 притвореници во неговата ќелија со само 8 кревета; немало вентилација во ќелијата каде што сите пушеле; телевизорот бил постојано вклучен и се заразил со шуга.По приемот на лекарската потврда за постоењето на болеста, Градскиот суд го одложил рочиштето до 14 јануари 1997 година. Одбил да го ослободи апликантот од притвор врз основа на тежината на делото со кое се товарел и опасноста да не го попречува утврдувањето на вистината на слобода.
44. Градскиот суд го испитувал предметот на апликантот до 23 април 1997 година.
На 7 мај 1997 година, предметот бил одложен поради разрешувањето на претседавачкиот судија заради несоодветно постапување што не било поврзано со предметот на апликантот.
45. На 15 јуни 1997 година, апликантот вложил уште едно барање за ослободување од притвор, во кое упатувал на лошите услови на притворот.
46. Во јули 1997 година, предметот на апликантот му бил доделен на друг судија којшто закажал рочиште за 8 август 1997 година. Тој ден рочиштето било одложено затоа што бранителот на можел да присуствува поради здравствени причини.Барањето за ослободување од притвор на апликантот било одбиено заради тежината на делото за кое се товарел и поради опасноста од тоа да не го попречува утврдувањето на вистината во кривичниот предмет.
Понатамошното барање за ослободување од притвор на апликантот доставено на 21 септември 1997 година било одбиено на 21 октомври 1997 година.
47. На 22 октомври 1997 година, апликантот се пожалил до Магаданскиот областен суд за неговиот предмет, барајќи да биде му префрлен од Градскиот суд на Обласниот суд.Тој исто така поднел жалба до Врховниот суд на Русија (Верховный Суд Российской Федерации), којшто пак го препратил на разгледување до Магаданскиот областен суд.Со допис од 31 октомври 1997 и 25 ноември 1997 година, Обласниот суд го известил апликантот дека нема причина тој да ја преземе надлежноста и му предложил да му се обрати на Градскиот суд за кое било прашање поврзано со неговиот предмет.Исто така побарал од Градскиот суд да преземе мерки за да го испита предметот на апликантот.
48. На 21 ноември 1997 година, тој вложил жалби до различни органи, а особено до Кабинетот на Претседателот на Руската Федерација, Магаданскиот градски суд, Високиот квалификациски судски одбор (Высшая квалификационная коллегия судей Российской Федерации)–орган што постапувал по прашања од стручна надлежност–и до Генералниот обвинител на Руската Федерација.Во своите жалби апликантот навел, меѓу другото, дека го држеле во ужасни услови без да се донесе одлука за суштината на обвиненијата, дека се заразил со разни кожни болести, дека му испаднале ножните нокти и дека страдал од срцево заболување.
49. Со допис од 5 февруари 1998 година, претседателот на Магаданскиот градски суд го известил апликантот дека судот би продолжил со разгледувањето на неговиот предмет пред 1 јули 1998 година, упатувајќи на неговата сложеност и големиот обем на работа на судиите.
50. На 11 февруари 1998 година, Магаданскиот областен суд му ги препратил на Градскиот суд единаесетте жалби вложени од апликантот што ги примил од Генералниот обвинител, Врховниот суд и од другите органи.
51. На 23 февруари 1998 година, апликантот отпочнал штрајк со глад за да го привлече вниманието на органите на неговиот долготраен притвор и на отсуството од судски рочишта, којшто го продолжил сè до 17 март 1998 година.
52. На 1 март 1998 година, апликантот се пожалил за неговиот предмет до Кабинетот на Претседателот на Русија и до парламентарен комитет при Државната Дума, барајќи од нив да му помогнат неговиот предмет да му биде префрлен на Магаданскиот областен суд.
53. На 3 март 1998 година, Министерството за правда на Магаданската област, како одговор на жалбата од апликантот упатена до Министерството за правда на Русија, навело дека судот би можел да постапи по овој предмет во втората половина од 1998 година.
54. Во меѓувреме, апликантот вложил претставка до Уставниот суд (Конституционный Суд Российской Федерации) за да ја преиспита уставноста на одредбите од членовите 223-1 и 239 од Законот за кривична постапка во врска со роковите за почетокот на судењето.Со допис од 10 март 1998 година, Уставниот суд го известил апликантот дека поради тоа што оспорените одредби не утврдувале рокови во врска со должината на притворот кога еден предмет е во фаза на разгледување од страна на судовите, неговата претставка не може да се разгледува.
55. Апликантот исто така се пожалил пред Високиот квалификациски судски одбор за оддолжувањето при разгледувањето на неговиот предмет, којшто пак, со допис од 30 март 1998 година, побарал од Магаданскиот областен суд да го истражи тоа прашање.
56. На 2 април 1998 година, апликантот вложил жалба пред Врховниот суд за оддолжувањето да се закаже датум за неговото судење, во коешто исто така се осврнал на лошите услови на неговиот притвор.Копија од неговата жалба била испратена и до други органи.Сите негови жалби биле препратени од адресираните институции на разгледување до Магаданскиот градски суд.
57. На 13 април 1998 година, Магаданскиот областен суд го известил апликантот дека од Градскиот суд било побарано да преземе мерки за разгледувањето на неговиот предмет.Исто така било наведено дека предметот ќе го суди Градскиот суд, а Обласниот суд ќе може да дејствува само како касационен суд.
58. На 25 мај 1998 година, апликантот вложил петиција до Градскиот суд, барајќи судењето на неговиот предмет да му биде префрлено на Обласниот суд.
Со одлука од претседателот на Обласниот суд од 28 мај 1998 година, предметот на апликантот бил префрлен кај Хасинскиот околиски суд (Хасынский районный суд) за да се забрза постапката.
59. На 11 јуни 1998 година, апликантот се пожалил за одолговлекувањето за почетокот на судските рочишта до Високиот квалификациски судски одбор.
60. На 16 јуни 1998 година, апликантот поднел барање за ослободување од притвор до Хасинскиот околиски суд, во кое навел дека му е влошено здравјето како резултат од пренаселеноста и лошите услови во неговата ќелија во притворската установа.
Истиот ден испратил и барање до Хасинскиот околиски суд барајќи да го префрли предметот до Магаданскиот областен суд.Навел дека преносот на неговиот предмет кај Хасинскиот околиски суд било незаконито и дека неговата оддалеченост од Градот Магадан би го отежнало објективното и правично разгледување на неговиот предмет.
61. На 1 јули 1998 година, апликантот се пожалил на Обласниот суд дека Хасинскиот околиски суд сè уште немал закажано датум за рочиштето и побарал да ја забрза постапката.
62. На 3 јули 1998 година, предметот му бил упатен на Магаданскиот градски суд затоа што апликантот го изразил своето несогласување со неговиот трансфер кај Хасинскиот околиски суд.
63. На 8 јули 1998 година, апликантот добил писмо од Обласниот суд во кое го информира дека нема основа тој да постапува како првостепен суд или да ја преземе надлежноста за тој предмет.
Следниот ден, апликантот побарал од Градскиот суд да го ослободи, упатувајќи на лошите притворски услови.
64. На 31 јули 1998 година, апликантот се пожалил до Високиот квалификациски судски одбор на продолжителното непостапување по предметот од страна на Градскиот суд.На 19 август 1998 година, неговата жалба била проследена до Магаданскиот областен суд со барање да даде информации како за жалбата, така и за работата на Градскиот суд.На 27 август 1998 година, Обласниот суд ја препратил жалбата на апликантот до Градскиот суд.
Апликантот исто така поднел жалба и до Магаданскиот областен суд за одолговлекувањето на почетокот на судските рочишта, којшто на 11 август 1998 година му ја пренел на Градскиот суд.
65. На 7 септември 1998 година, апликантот поднел уште една жалба до Високиот квалификациски судски одбор, во која навел дека сите негови претходно упатени жалби биле испратени од Магаданскиот областен суд до Градскиот суд без да бидат преземени никакви мерки.На 23 септември 1998 година, жалбата на апликантот била препратена до Магаданскиот областен суд со опомена во врска со барањето за информации за причините зошто продолжило да се одолговлекува разгледувањето на предметот на апликантот.На 7 септември 1998 година, апликантот исто така поднел жалба за одолговлекувањето на постапката пред Врховниот суд.
На 5 октомври 1998 година, апликантот доставил дополнителни жалби до Обласниот и до Високиот квалификациски судски одбор.
66. На 13 ноември 1998 година, Градскиот суд го закажал рочиштето за 28 јануари 1999 година.
67. На 25 ноември 1998 година, апликантот се пожалил пред Високиот квалификациски судски одбор за дејствијата на Претседателот на Магаданскиот градски суд, очигледно барајќи го поведувањето на кривична постапка против него.На 22 декември 1998 година, жалбата била проследена на испитување кај претседателот на Магаданскиот областен суд со барање да се достави извештај до надлежниот Квалификациски одбор доколку наводите на апликантот се покажат како основани.
На 16 декември 1998 година, Магаданскиот областен суд препратил уште една жалба на апликантот до Градскиот суд.
68. На 18 јануари 1999 година, апликантот доставил до Градскиот суд барање за ослободување од притвор.
69. На 28 јануари 1999 година, Магаданскиот градски суд одлучил да го врати предметот на апликантот кај обвинителот на дополнителна истрага поради повреда на процесните норми од страна на истражните органи.Овие повреди се состоеле од нецелосно претставување на материјалите од предметот до обвинетиот на крајот од претходната истрага, како и непрецизно евиденцтирање на документите од досието.Судот го одбил барањето за ослободување од притвор на апликантот, имајќи ја предвид тежината на обвинението против него и опасноста да не го попречува утврдувањето на вистината додека се наоѓа на слобода. Апликантот вложил жалба против одбивањето до Магаданскиот областен суд, којшто, на 15 март 1999 година, на отфрлил.Меѓутоа, Обласниот суд сепак ја отповикал како неоснована одлуката да се врати предметот кај истражните органи и му наложил на Градскиот суд да продолжи со судењето.Во посебна одлука издадена во истиот ден, сметал дека времетраењето на одолговлекувањето било неоправдано имајќи го предвид фактот дека предметот не бил особено сложен, и побарал од Градскиот суд да го извести во рок од еден месец за преземените мерки.
70. На 17 март 1999 година, апликантот доставил до Градскиот суд уште едно барање за ослободување од притвор.
Истиот ден се пожалил до Високиот квалификациски судски одбор за долготрајниот притвор без судска пресуда.Пед дена подоцна, апликантот поднел слична жалба до Обласниот квалификациски судски одбор.
На 5 април 1999 година, апликантот вложил уште една жалба до Високиот квалификациски судски одбор за продолжителното оддолжување на постапката.
71. На 15 април 1999 година, Градскиот суд продолжил да го испитува предметот на апликантот.
На рочиштето од 20 април 1999 година, обвинителот побарал, имајќи ја предвид должината на притворот на апликантот, да се спроведе психијатриска евалуација на апликантот за да се определи неговата душевна здравствена состојба. Градскиот суд го одобрил ова барање и го одложил судењето до 30 април 1999 година.
72. На рочиштето од 30 април 1999 година, апликантот неуспешно побарал ослободување од притвор.Навел дека страдал од недостаток на сон.Во неговата ќелија имало 18 притвореници коишто морало да спијат на смени.Дополнително навел дека не можел да го попречува утврдувањето на вистината во неговиот предмет затоа што веќе биле преземени сите истражни мерки.
Обвинителот што учествувал на рочиштето побарал од Градскиот суд да побара од управата во притворската установа во која го држеле апликантот да му овозможи на апликантот услови за нормално спиење и одмор во текот на судските рочишта.Понатаму, обвинителот навел дека ќе поднесе слично барање до обвинителот којшто е задолжен да врши надзор на притворските установи.
Апликантот наведува дека потоа, надлежниот обвинител дошол во неговата ќелија, признал дека условите биле лоши, но навел дека состојбата во другите ќелии во притворската установа не била ништо подобра и дека немало средства за да се подобрат условите.
73. На рочитето од 8 јуни 1999 година, апликантот побарал да го пуштат.Тој изјавил дека во неговата ќелија, каде што имало 18 притвореници, не можел соодветно да се подготви за да сведочи пред судечкиот суд.Понатаму навел дека се заразил со шуга два пати и дека не му била сменета постелнината. Барањето на апликантот било одбиено.
74. На рочиштето од 16 јуни 1999 година, апликантот поднел уште едно барање за ослободување од притвор, осврнувајќи се на условите од неговиот притвор.Тој навел дека имал габична инфекција и дека телото му било покриено со рани од убоди од бубачки што извршиле наезда на неговото легло. Го делел своето легло со уште двајца други притвореници.Притворениците можеле да се тушираат на две недели.Во ќелијата било загушливо затоа што сите пушеле.Не се чувствувал добро и страдал од срцева болест.Ослабнал од 96 на 67 килограми.Потоа навел дека не можел да го попречува испитувањето на неговиот предмет доколку го пуштат од притвор.
Градскиот совет решил да не го разгледува неговото барање затоа што било очигледно вложено вон контекстот на рочиштето.
75. На 22 јуни 1999 година, Високиот квалификациски судски одбор го разрешил претседателот од Магаданскиот градски суд, како и претседателот на Обласниот суд и неговите двајца заменици поради одолговлекувањето при разгледувањето на предметот на апликантот.
76. На рочиштето пред Градскиот суд од 23 јуни 1999 година, апликантот навел дека не се чувствувал добро и дека не можел да учествува.Судот наредил апликантот да подлегне на лекарски преглед од комисија од вештаци за да се одреди дали неговата здравствена состојба му дозволува да учествува во постапката и дали треба да биде хоспитализиран.
Во нивниот заклучок издаден на неодреден датум во јули 1999 година, вештаците утврдиле дека апликантот страда од бројни медицински состојби (видете го ставот 30 погоре).Тие сметале дека лекувањето на ваквите состојби не изискува хоспитализација и дека апликантот можел да остане во притворската установа.Тие исто така сметале дека здравствената состојба на апликантот му дозволува да присуствува на судските рочишта и да сведочи.
77. На рочиштето од 15 јули 1999 година, апликантот побарал од судечкиот суд да го пушти од притвор.Тој навел дека судот речиси го затворил испитувањето на доказите и дека не можел да го попречува утврдувањето на вистината.Неговото барање било одбиено.
78. Во друга одлука издадена истиот ден, Градскиот суд забележал дека во периодот од 15 април до 15 јули 1999 година, разгледал повеќе од 30 барања поднесени од апликантот, вклучително и повторени барања за претходно одбиени предлози.Забележал дека апликантот навел дека ќе сведочи само ако му биле одобрени барањата и сметал дека таквата позиција се сведувала на намерен обид да се одложи постапката.
79. Градскиот суд сослушал 9 од 29 свикани сведоци.Сведочењата на 12 отсутни сведоци, коишто биле дадени во текот на предсудската истрага, биле прочитани на јавна седница.
80. Со пресуда од 3 август 1999 година, Градскиот суд го осудил апликантот по едно обвинение и го ослободил за две од обвиненијата наведени во обвинителниот акт, во којшто се претпочитале 9 одделни обвиненија.Го осудил на казна затвор од 5 години и 6 месеци во казнено-поправна колонија со општ режим, сметајќи го овој период од 29 јуни 1995 година. Градскиот суд сметал дека претходната истрага била со слаб квалитет и дека иследниците неоправдано се обиделе да го зголемат бројот на точки во обвинителниот акт.Исто така нашол и повреда на процесните норми што се состоеле, меѓу другото, од недостатоци во претставувањето во соодветна форма на релевантните документи пред судот.Овие недостатоци требало да се коригираат на судењето, што предизвикало одолговлекување.Судот забележал дека во текот на истрагата, имало недостаток од соодветен процесен надзор од лицата задолжени за истрагата и обвинителството на Магаданскиот регион.
Во посебна пресуда од истиот ден, Градскиот суд одлучил да врати дел од обвинителниот акт кај обвинителот на дополнителна истрага.Апликантот вложил жалба против пресудата до Врховниот суд, којшто на 30 септември 1999 година утврдил дека одлуката е законита.
81. Пресудата од Градскиот суд од 3 август 1999 година можела да се обжали пред Обласниот суд во рок од 7 дена од нејзиното изрекување.Апликантот не вложил касациона жалба затоа што сметал дека Обласниот суд придонел кон неговата осуда, па така жалбата немала потенцијал за успех.На 11 август 1999 година, пресудата од Градскиот суд станала правосилна.
82. На 11 август 1999 година, апликантот поднел барање до директорот на притворската установа каде што бил сместен да го упати на тимот за логистички услуги во истата установа да ја служи својата казна.
83. На 25 октомври 1999 година, апликантот вложил вонредна жалба до Претседателот на Врховниот суд на Русија за ревизија на пресудата на Градскиот суд.На 11 ноември 1999 година, жалбата била отфрлена.
На 30 ноември 1999 година, апликантот вложил уште една вонредна жалба до Врховниот суд, којшто ја одбил на 9 јуни 2000 година.
84. На 24 септември 1999 година, во продолжителната кривична постапка, превентивната мерка притвор се заменила со забрана за напуштање на одредено место.Сепак, апликантот останал во притвор, отслужувајќи ја првичната казна.
85. На 29 септември 1999 година, постапката по останатите обвиненија завршила врз основа на тоа дека дејствијата сторени од апликантот не претставувале кривично дело.
Сепак, на 30 септември 1999 година, против апликантот било поведено ново обнинение во врска со злоупотреба на имот во својство на претседател на банката.
86. На 19 октомври 1999 година, по завршувањето на претходната истрага, надлежниот обвинител го одобрил обвинителниот акт и го упатил предметот до Магаданскиот градски суд на судење.Обвинителниот акт го носел првичниот број на предмет 48529 и во него било наведено дека постапката во тој предмет била отпочната на 8 февруари 1995 година.Судењето на апликантот започнало на 20 декември 1999 година. Со пресуда од 31 март 2000 година, Градскиот суд го ослободил апликантот од новото обвинение.
87. На 26 јуни 2000 година, апликантот бил пуштен од затвор по амнестијата прогласена на 26 мај 2000 година.
II.РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
88. А. Уставот на Руската Федерација
Точка 6 (2) од Оддел 2
„Сè додека не се усогласи кривично-процесното законодавство на Руската Федерација со одредбите од овој Устав, се применува претходната постапка за апсење, задржување и притвор на лицата осомничени за сторено кривично дело.“
89. Б. Закон за кривичната постапка
Член 11 (1): Неприкосновеност на личноста
„Никој не може да биде уапсен освен врз основа на судска одлука или обвинителски налог.“
Член 89 (1): Примена на превентивни мерки
„Кога постои значителна основа да се верува дека обвинетиот може да избега од истрага, претходна истрага или судење или дека ќе го попречува утврдувањето на вистината во кривичен предмет или ќе се впушти во кривично дејство, како и за да се обезбеди извршувањето на казната, лицето што ја спроведува истрагата, иследникот, обвинителот и судот може да применат една од следниве превентивни мерки во врска со обвинетиот:писмено ветување дека нема да напушти одредено место; лична гаранција или гаранција од јавна организација, или ставање во притвор.“
Член 92:Налог и одлука за примена на превентивна мерка
„Лицето што ја спроведува истрагата, иследникот и обвинителот издаваат образложен налог за примената на превентивна мерка, а судот издава образложена одлука во која се утврдува кривичното дело за кое се сомничи засегнатото лице, како и основот за одбирање на превентивната мерка што ќе биде применета.Засегнатото лице се известува за налогот или одлуката и нему истовремено му се објаснува постапката за вложување жалба против примената на превентивната мерка.
На засегнатото лице веднаш му се предава примерок од налогот или одликата за примена на превентивната мерка.“
Член 96: Ставање во притвор
„Ставањето во притвор како превентивна мерка се врши во согласност со барањата од членот 11 од овој Закон во врска со кривични дела за кои законот пропишува казна во форма на лишување од слобода од најмалку една година.Во вонредни случаи, оваа превентивна мерка може да се примени и на кривични дела за кои законот пропишува казна во форма на лишување од слобода во времетраење од помалку од една година.“
Член 97: Временско ограничување на притвор
„Притвор во текот на истрагата на дела во кривичната материја не може да трае подолго од два месеци.Овој временски рок може да биде продолжен до три месеци од околиски или општински обвинител ... доколку не е можно да се заврши истрагата и не постојат основи за измена на превентивната мерка.Притворот може дополнително да се продолжи до шест месеци од денот на ставањето во притвор исклучиво кај предмети со посебна сложеност од страна на обвинител од состевн дел од Руската Федерација ...
Продолжувањето на временскиот рок на таквиот притвор над шест месеци е дозволиво во вонредни случаи и исклучиво кај лица обвинети за тешки или многу тешки кривични дела.Таквото продолжување може да го изврши заменикот на Генералниот обвинител на Руската Федерација (до една година) и Генералниот обвинител на Руската Федерација (до 18 месеци).
Не се дозволува дополнително продолжување на времетраењето на притворот, а притворениот обвинет веднаш се пушта на слобода.
Документите од завршената истрага во кривичен предмет се даваат на увид кај обвинетиот и неговиот бранител најдоцна до еден месец пред истекот на максималното времетраење на притворот, како што е пропишано во вториот став од овој член.Во случај обвинетиот да не може да изврши увид во предметните документи пред истекот на максималниот рок на траење на притворот, Генералниот обвинител на Руската Федерација, [или] обвинител од составен дел од Руската Федерација ... може, најдоцна до пет дена пред истекот на максималното времетраење на притворот, да побара од судијата на „областа“, „крајот“ или споредлив суд да го продолжи овој рок.
Најдоцна до пет дена од денот на прием на барањето, судијата мора да донесе една од следниве одлуки:
1. Да го продолжи рокот на притворот додека обвинетиот и неговиот бранител не добијат увид во предметните документи и обвинителот не го упати предметот до судечкиот суд, но не повеќе од шест месеци;
2. Да го одбие барањето на обвинителот и да го пушти засегнатото лице од притвор.
Временскиот рок на притворот може, по потреба, да се продолжи според истата постапка за да се одобри барањето на обвинетиот или неговиот бранител за да ја спроведат претходната истрага понатаму.
Доколку судот го упати предметот на дополнителна истрага кога истекол рокот на притворот на обвинетиот, а околностите на предметот ја исклучат можноста да се промени мерката притвор, временскиот рок за притворот го продолжува обвинителот што врши надзор врз истрагата до еден месец од датумот на којшто го добил предметот.Секое понатамошно продолжување на рокот го зема предвид периодот што обвинетиот го поминал во притвор пред да биде упатен предметот на суд и се извршува на начин и во рамките на роковите коишто се пропишани во првиот и вториот став од овој член.
Против продолжувањето на времетраењето на притворот во согласност со овој член може да се вложи жалба пред суд и да подлежи на судски прегед на неговата законитост и оправданост согласно постапката предвидена во членовите 220¹ и 220² од овој Закон.“
Член 101: Укинување или измена на превентивната мерка
„Превентивната мерка се укинува кога таа ќе престане да биде неопходна или се менува во построга или поблага мерка доколку тоа го наложуваат околностите на предметот.Укинувањето или менувањето на превентивната мерка се врши со образложен налог од лицето што ја спроведува истрагата, иследникот или обвинителот, или со образложена судска одлука откако предметот бил префрлен на суд.
Укинувањето или менувањето, од страна на лицето што ја врши истрагата или од иследникот, на превентивната мерка што била одбрана по упатствата на обвинителот се дозволува само со одобрение на обвинителот.“
Член 223-1: Утврдување на датум за судско рочиште
„Доколку обвинетиот се држи во притвор, прашањето на одредување датум за судско рочиште мора да се реши најдоцна за 14 дена од денот кога предметот му бил упатен на судот.“
Член 239: Рокови за разгледување на предметот
„Судот мора да почне да го разгледува предметот најдоцна во рок од 14 дена од одредувањето на датум за рочиштето.“
90. В. Федерален закон за држење во притвор осомничени и лица обвинети за кривични дела
Согласно членот 21 од овој Закон, молбите и жалбите на осомничените и обвинетите до државните агенции, телата на локалната самоуправа и невладините организации се праќаат преку управата од притворската установа.
Молбите и жалбите упатени до јавен обвинител, суд или други државни агенции што вршат надзор врз притворските установи за осомничени и обвинети лица не подлежат на цензура и се препраќаат до адресантот во запечатен плик најдоцна следниот работен ден.
III.РЕЗЕРВА НА РУСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА
91. Инструментот за ратификација на Конвенцијата вложен од Руската Федерација на 5 мај 1998 година ја содржи следната резерва:
„Во согласност со членот 64 од Конвенцијата, Руската Федерација изјавува дека одредбите од членот 5 став 3 и 4 не ја спречуваат ... времената примена, казнива со вториот став од точка 6 од Одделот Два од Уставот на Руската Федерација од 1993 година, на постапката за апсење, држење во притвор и задржување на лица осомничени за сторено кривично дело, што е утврдено со членот 11 став 1, член 89 став 1, член 90, 92, 96, 96-1, 96-2, 97, 101 и 122 од Законот за кривична постапка на РСФРС од 27 октомври 1960 година, со неговите последователни измени и дополнувања.“
ПРАВОТО
НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
92. Апликантот се пожалил на условите од неговиот притвор во Магаданската притворска установа ИЗ-47/1. Се повикал на членот 3 од Конвенцијата, според кој:
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.“
Апликантот особено упатил на пренаселеноста и несанитетските услови во неговата ќелија, како и на должината на периодот во кој бил задржан во такви услови, што имало негативен ефект врз неговото физичко здравје и предизвикало понижување и страдање.
93. Владата тврдела дека притворските услови на апликантот не би можеле да се сметаат како тортура или нечовечко или понижувачко постапување. Условите не се разликувале, или не биле ништо полоши, од условите на повеќето притвореници во Русија.Пренаселеноста генерално била проблем во притворските установи. Властите немале намера да му предизвикаат на апликантот физичко страдање или да му го влошат здравјето.Управата на притворската установа ги презела сите расположливи мерки да им обезбеди лекарски третман на лицата коишто страдале од некое заболување и да го спречи заразувањето на останатите притвореници.
94. Било признаено дека заради економски причини, притворските услови во Русија биле многу незадоволителни и се наоѓале под барањата утврдени за казнено-поправните установи во другите земји-членки на Советот на Европа.Меѓутоа, Владата правела сè што можела за да ги подобри притворските услови во Русија.Усвоила бројни работни програми за изградба на нови притворски установи, за реконструкција на постојните и за искоренување на туберкулоза и други заразни болести во затворите.Спроведувањето на овие програми би овозможило двократно зголемување на просторот за затворениците и би ги унапредило санитетските услови во притворските установи.
95. Судот потсетува дека членот 3 од Конвенцијата ја втемелува една од најосновните вредности на едно демократско општество.Со него апсолутно се забранува тортурата или нечовечното или понижувачкото постапување, без оглед на околностите и однесувањето на жртвата (видете, на пример, Labita против Италија [ГСС], бр. 26772/95, § 119, ECHR 2000-IV).
Судот понатаму потсетува дека, согласно неговата судска пракса, лошото постапување мора да достигне минимално ниво на сериозност за да потпадне под опсегот на членот 3. Оценката на овој минимум е релативна; зависи од околностите на предметот како што е времетраењето на постапувањето, неговите физички и душевни ефекти и, во некои случаи, полот, возраста и здравствената состојба на жртвата (видете, меѓу другите, пресудата во предметот Ирска против Обединетото Кралство од 18 јануари 1978 година, Серија А бр. 25, стр. 65, § 162).
Судот го сметал постапувањето за „нечовечно“ затоа што, меѓу другото, било со предумисла, се применувало непрекинато со часови и предизвикувало или фактичка телесна повреда или силно физичко и душевно страдање.Го сметал постапувањето за „понижувачко“ затоа што со него на жртвите им се всадувало чувство на страв, јад и инфериорност што можела да ги понижи и обезвредни (видете, на пример, Kudla против Полска [ГСС], бр. 30210/96, § 92, ECHR 2000-XI).При разгледувањето дали одредена форма на постапување е „понижувачка“ во смисла на членот 3, Судот ќе има предвид дали неговата цел е да го омаловажи и обезвредни засегнатото лице и дали, што се однесува до последиците, негативно влијаело врз неговата или нејзината личност на начин што е некомпатибилен со членот 3 (видете, на пример, пресудата во предметот Raninen против Финска од 16 декември 1997 година, Reports of Judgments and Decisions, 1997-VIII, стр.2821-22, § 55). Сепак, отсуството од таква цел не може последователно да изземе наод на повреда на членот 3 (видете, на пример, Peers против Грција, бр.28524/95, § 74, ECHR 2001-III).Вклученото страдање и понижување мора во секој случај да бидат над тој неизбежен елемент на страдање или понижување што е поврзан со дадена форма на легитимно постапување или казнување.
Мерките на лишување од слобода на одредено лице знаат честопати да опфаќаат таков елемент.Сепак, не може да се каже дека притворот пред судење сам по себе поведува проблем согласно членот 3 од Конвенцијата.Ниту пак тој член може да се толкува како да пропишува генерална обврска за пуштање на притвореник заради здравствени причини или за негово сместување во цивилна болница за да му биде овозможено да добие конкретно лекување.
Сепак, согласно оваа одредба, Државата мора да гарантира дека лицето е задржано во услови кои се компатибилни со почитувањето на неговото човечко достоинство, дека начинот и методот на извршување на мерката не го подложуваат на мака или јад со таков интензитет што го надминува неизбежното ниво на страдање коешто е нераскинливо кај притворот и дека, имајќи ги предвид барањата од затворот, неговото здравје и добросостојба се адекватно обезбедени (видете Kudla против Полска цитиран погоре, §§ 92-94). При оценувањето на притворските услови, треба да се земат предвид кумулативните ефекти од таквите услови, како и конкретните наводи што ги дал апликантот (видете Dougoz против Грција, бр.40907/98, § 46, ECHR 2001-II).
96. Во конкретниов предмет, Судот забележува дека апликантот бил држен во Магаданската притворска установа ИЗ-47/1 од 29 јуни 1995 до 20 октомври 1999 година и од 9 декември 1999 до 26 јуни 2000 година. Потсетува дека, согласно општо признаените принципи на меѓународното право, Конвенцијата е обврзна за државите договорнички само во врска со фактите што се случиле по нејзиното влегување во сила.Конвенцијата влегла во сила за Русија на 5 мај 1998 година. Сепак, во оценувањето на ефектот од притворските услови на апликантот врз него, коишто биле генерално исти во текот на целокупниот период на неговиот притвор, како пред пресудата, така и после осудувањето, Судот може исто така да го земе предвид севкупниот период во кој бил задржан, вклучително и периодот пред 5 мај 1998 година.
97. Судот забележува од почетокот дека ќелијата во којашто бил задржан апликантот изнесувала помеѓу 17 м2 (според апликантот) и 20,8 м2 (според Владата).Била опремена со кревети на спрат и била наменета за 8 притвореници.Може да се стави под знак прашање дали таквото сместување би можело да се смета дека исполнува прифатливи стандарди.Во врска со ова, Судот потсетува дека Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување („КСТ“) има утврдено 7м2 по затвореник како приближен, пожелен стандард за притвореничка ќелија (видете го Вториот генерален извештај – КСТ/Инф (92) 3, § 43), односно 56 м2 за 8 притвореници.
И покрај фактот дека ќелијата била наменета за 8 притвореници, според поднесокот на апликантот до Судот, вообичаениот број на притвореници во неговата ќелија во текот на времетраењето на притворот изнасувал помеѓу 18 и 24 лица. Во неговата молба за пуштање од притвор од 27 декември 1996 година, апликантот навел дека имало 21 притвореници во неговата ќелија со 8 кревети.Во слична молба од 8 јуни 1999 година, тој упатил на 18 притвореници (видете ги ставовите 43 и 73 погоре).
Судот забележува дека Владата, од своја страна, признала дека, поради општата пренаселеност на притворската установа, секој кревет во ќелиите го користеле по двајца или тројца притвореници.Во меѓувреме, се чини дека не се согласуваат со апликантот во врска со бројот на притвореници.Во нивниот поднесок се вели дека имало 11 или повеќе притвореници во ќелијата на апликантот во секој момент, а дека нормално бројката на притвореници изнесувала 14. Сепак, Владата не доставила доказ во поткрепа на своето тврдење.Според апликантот, само во март-април 2000 година, бројката на притвореници се намалила на 11.
Судот не наоѓа за потребно да го решава несогласувањето помеѓу Владата и апликантот во однос на ова прашање.Доставените цифри покажуваат дека во кој било даден момент имало 0,9-1,9 м2 простор по притвореник во ќелијата на апликантот.Така, според мислењето на Судот, ќелијата била постојано сериозно пренаселена.Ваквата состојба сама по себе поведува проблем согласно членот 3 од Конвенцијата.
Дополнително, за сметка на акутната пренаселеност, притворениците во ќелијата на апликантот морале да спијат на смени од по осум часа по притвореник.Од неговото барање за пуштање од притвор од 16 јуни 2009 година, се чини дека во тој период тој делел кревет со други двајца притвореници (видете го ставот 74 погоре).Условите за спиење биле дополнително отежнати поради постојаното осветлување на ќелијата, како и општата гужва и бука од големиот број на притвореници.Недостатокот од сон што произлегувал морало да претставувал тежок физички и психолошки товар за апликантот.
Судот понатаму го забележува отсуството од адекватна вентилација во ќелијата на апликантот во која бил сместен прекумерен број на притвореници и коишто, очигледно, смееле да пушат во ќелијата.Иако на апликантот му било дозволено да има активност на отворено еден или два часа дневно, остатокот од времето бил затворен во својата ќелија, со многу ограничен простор за себе и загушлив воздух.
98. Следно, Судот забележува дека ќелијата на апликантот била под наезда од штеточини и дека во текот на неговиот притвор во неговата ќелија не се спровел третман против наезди.Владата признала дека наездата во притворските установи од инсекти била проблем и упатила на министерското упатство од 1989 година со кое притворските установи биле обврзани да преземаат мерки на дезинфекција.Меѓутоа, не се чини дека ова било сторено во ќелијата на апликантот.
Во текот на неговиот притвор, апликантот се заразил со разни кожни болести и габични инфекции, а особено во текот на 1996, 1997 и 1999 година, што условувале прекини во судењето.Иако е точно дека апликантот бил лечен за овие болести, нивната повторливост упатува дека многу лошите услови во ќелијата што го олеснувале нивното ширење останале непроменети.
Судот исто така забележува со сериозна загриженост дека апликантот бил задржуван во неколку наврати со лица што страдале од сифилис и туберкулоза, иако Владата истакнала дека била спречена заразата.
99. Дополнителен аспект од пренатрупаните и несанитетските услови опишани погоре бил тоалетот.Преграда во висина од 1,1 метар ја одделувала тоалетната школка во аголот од ќелијата од лавабото до неа, но не и од дневниот престој.Немало параван на влезот во тоалетот.Така, апликантот морал да го користи тоалетот во присуство на другите притвореници и да присуствува додека тоалетот го користеле неговите сопритвореници.Фотографиите дадени од Владата покажуваат нечиста, дотрајана ќелија и место за тоалет без вистинска приватност.
Иако Судот со задоволство ги забележува големите подобрувања кои очигледно биле направени во просторот каде што се наоѓала ќелијата на апликантот во Магаданската притворска установа (како што е покажано на видео снимката што ја доставиле до Судот), тоа не ги иззема потполно неприфатливите услови коишто апликантот морал јасно да ги поднесува во засегнатиот период.
100. Притворските услови на апликантот исто така претставувале извор на загриженост за судечкиот суд што го разгледувал неговиот предмет.Во април и јуни 1999 година, тој побарал медицинско мислење од вештак за ефектот од притворските услови врз неговото душевно и физичко здравје по речиси 4 години притвор за да одреди дали не бил во состојба да учествува во постапката и дали треба да биде хоспитализиран (видете ги ставовите 71 и 76 погоре).Иако вештаците одговориле негативно на обете прашања, Судот ги забележува нивните заклучоци од јули 1999 година, набројувајќи ги разните медицински состојби од коишто бил заболен апликантот, односно невроциркулаторна дистонија, астено-невторичен синдром, хроничен гастродуодентис, габична инфекција на неговите стапала, раце и слабината, и микоза (видете го ставот 30 погоре).
101. Судот прифаќа дека во конкретниов предмет не постојат индиции дека имало позитивна намера да се понижи или обезвредни апликантот.Сепак, иако прашањето дали целта на постапувањето била да се понижи или обезвредни жртвата претставува фактор што треба да се земе предвид, отсуството од таква цел не може да го исклучи утврдувањето на повреда на членот 3 (видете Peers против Грција цитирана погоре).Смета дека притворските услови, коишто апликантот морал да ги трпи околу 4 години и 10 месеци, мора да му предизвикале значително душевно страдање, намалувајќи го неговото човечко достоинство и всадувајќи во него такви чувства коишто предизвикуваат понижување и обезвреднување.
102. Во контекст на горенаведеното, Судот утврдува дека притворските услови на апликантот, а особено сериозната пренаселеност и несанитетската средина и нејзиниот штетен ефект врз здравјето и добросостојбата на апликантот, во комбинација со должината на периодот во којшто апликантот бил задржан во такви услови, се сведуваат на понижувачко постапување.
103. Следствено на тоа, има повреда на членот 3 од Конвенцијата.
II.НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
104. Апликантот се жалел дека неговиот долг притвор пред судење претставувал повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата, што го предвидува следново:
„Секое лице коешто е уапсено или притворено во согласност со одредбите од ставот 1 (в) од овој член има ... право на судење во разумен рок или да биде ослободен пред судењето. Ослободувањето може да биде условено со гаранција за присуство на судењето.“
А. Прелиминарен приговор од Владата
105. Владата тврдела дека жалбата на апликантот треба да се разгледа во контекст на руската резерва. Било поднесено дека резервата се применувала како на притворскиот период на апликантот во текот на претходната истрага, така и на судската постапка. Извршиле упатување на текстот од резервата и на содржината на членовите од Законот за кривична постапка цитиран во истата. Поконкретно, со членовите 11, 89, 92 и 101 од Законот (видете го ставот 89 погоре) се овластувале судовите да применуваат превентивна мерка притвор во фазата на судењето сè до изрекувањето на пресудата.
106. Апликантот навел дека руската резерва не се применувала во конкретниов предмет затоа што резервата не ја засегнувала должината на притворот пред судење. Се тврдело дека целта на резервата била да се задржи правото на обвинителот да одредува притвор пред судењето и да одобрува продолжување на таквиот притвор, по потреба.
107. Судот забележува дека резервата е срочена така што ја иззема од делокругот на членот 5 § 3 од Конвенцијата привремената примена на конкретни одредби од Законот за кривична постапка, спомнат во текстот на резервата, во врска со постапката за апсење, задржување и држење во притвор на лица осомничени за сторено кривично дело. Одредбите ги утврдуваат условите и модалитетите за примена на превентивни мерки, вклучително и ставање во притвор, и даваат листа од органи надлежни за преземање на односните одлуки.
Судот забележува дека резервата се однесува на членот 97 од Законот за кривична постапка според кој едно лице може да биде задржано во притвор до 18 месеци во текот на истрагата на кривичното дело со налог од надлежниот обвинител.
Без да е во спротивност со упатувањето на временските рокови на притворот во текот на истражната фаза, Судот забележува дека резервата ја засега постапката на примена на превентивна мерка притвор, при што жалбата на апликантот се однесува на должината на неговиот притвор пред судење, а не на нејзината законитост.
108. Затоа, Судот наоѓа дека засегнатата резерва не се применува во конкретниов предмет.
Б. Предметност на жалбата
1. Период што треба да се земе предвид
109. Било неоспорно дека периодот што треба да се разгледува започнал на 29 јуни 1995 година, кога апликантот бил ставен во притвор пред судење.
Што се однесува до крајот на засегнатиот период, апликантот тврдел дека релевантниот датум е 31 март 2000 година, кога Магаданскиот градски суд ја издал втората пресуда во предметот. Владата тврдела дека периодот завршил на 3 август 1999 година, со изрекувањето на првата пресуда на Градскиот суд. Тие исто така тврделе дека разгледувањето од страна на Судот на должината на притворот на апликантот треба да се ограничи на периодот од 5 мај 1998 година, датумот кога Конвенцијата влегла во сила за Русија, до 3 август 1999 година.
110. Судот прво потсетува дека при определувањето на должината на притворот пред судење согласно членот 5 § 3 од Конвенцијата, периодот што треба да се земе предвид отпочнува на денот кога обвинетиот е притворен, а завршува на денот кога е одлучено по обвинението, дури и ако е од првостепен суд (видете, меѓу другите референтни пресуди, пресудата Wemhoff против Германија од 27 јуни 1968 година, Серија А бр. 7, стр. 23, § 9, и Labita против Италија цитирана погоре, § 147). Така, во конкретниов предмет, притворот на апликантот пред судењето започнал на 29 јуни 1995 година кога бил уапсен, а завршил на 3 август 1999 година кога бил осуден и му била изречена казна од Магаданскиот градски суд. Понатамошниот притвор за останатите обвиненија не го сменил фактот дека од 3 август 1999 година, апликантот ја издржувал казната по осудителната пресуда изречена од надлежен суд во смисла на членот 5 § 1 (а) од Конвенцијата.
Вкупниот период на притворот на апликантот така изнесувал четири години, еден месец и четири дена.
111. Поради тоа што периодот пред 5 мај 1998 година се наоѓа надвор од надлежноста ratione temporis, Судот може да го смета само периодот од една година, два месеца и дваесет и девет дена, којшто изминал од тој датум и пресудата на Магаданскиот градски суд од 3 август 1999 година. Сепак, мора да го земе предвид фактот дека до 5 мај 1998 година апликантот, којшто бил ставен во притвор на 29 јуни 1995 година, веќе бил во притврот две години, десет месеци и шест дена (видете ја, на пример, mutatis mutandis, пресудата Mansur против Турција од 8 јуни 1995 година, Серија А, бр. 319-B, стр. 49, § 51).
2. Разумност на должината на притворот
(а) Поднесоците на страните
112. Апликантот тврдел дека не било неопходно да биде лишен од слобода и да биде задржан во притвор во текот на продолжен период затоа што немало доказ дека се обидувал да го попречи утврдувањето на вистината во предметот. Причините што ги дале органите за да го оправдаат неговиот притвор не биле релевантни или доволни.
Тој исто така навел дека неговиот предмет не бил особено сложен, како што било утврдено од Магаданскиот регионален суд на 15 март 1999 година. Три од девет тома од предметното досие потполно се состоеле од неговите жалби пред разните органи. Истрагата го опфаќала испрашувањето на 29 сведоци и имало двајца граѓански тужители во предметот.
И на крај, апликантот тврдел дека постапката не била спроведена со темелност од страна на органите. Неговиот долготраен притвор бил предизвикан од лошиот квалитет на истрагата, нејзините непоткрепени обиди да го зголемат бројот на точки во обвинителниот акт и недостатокот од соодветна контрола врз нејзините активности од телата за надзор. Во врска со ова, тој упатил на наодите од Магаданскиот градски суд од 3 август 1999 година (став 80 погоре).
113. Владата истакнала дека апликантот бил уапсен врз основа на тоа дека го попречувал истражувањето на вистината. Тие, понатаму, го сметале периодот на притвор на апликантот за разумен од аспект на сложеноста на предметот, неговиот значителен обем (9 тома) и големиот број на вклучни сведоци и жртви.
(б) Оценка на Судот
(i) Принципи утврдени со праксата на Судот
114. Судот потсетува дека прашањето дали одреден притворски период е разумен или не не може апстрактно да се оцени. Дали е разумно обвинетиот да остане во притвор мора да се испита за секој предмет поединечно, според неговите конкретни особености. Продолжениот притвор може да се оправда во даден предмет само ако постојат конкретни индиции за вистинска потреба за општата јавност којашто, без да е во спротивност со презумпцијата на невиност, натежнува над правилото за почитување на слободата на поединецот коешто е утврдено во членот 5 од Конвенцијата (видете, меѓу другите референтни пресуди, Kudla против Полска, цитиран погоре, § 110).
На прво место им се остава на домашните судски органи да осигурат дека, во даден предмет, притворот на обвинетиот не ја надминува разумната должина. За таа цел, имајќи го предвид принципот на презумпција на невиност, тие мора да ги испитаат сите факти коишто се во полза или на штета на постоењето на горенаведената потреба од јавен интерес со што се оправдува напуштањето на правилото од членот 5 и мора да ги наведат во нивните одлуки по молбите за ослободување. Суштински, врз основа на причините што се даваат во ваквите одлуки, како и сите добро документирани факти наведени од апликантот во неговите жалби, Судот се повикува да одлучи дали имало или немало повреда на членот 5 § 3 (видете, на пример, Labita против Италија цитиран погоре, § 152).
Опстојувањето на разумно сомневање дека уапсеното лице сторило кривично дело претставува услов sine qua non за законитоста на продолжениот притвор, но откако ќе измине одредено време, тоа повеќе не е доволно. Тогаш, Судот мора да утврди дали другите основи што ги дале судските органи продолжиле да го оправдуваат лишувањето од слобода. Кога таквите основи биле „релевантни“ и „доволни“, Судот мора исто така да се задоволи со тоа дека домашните власти прикажале „специјална темелност“ во спроведувањето на постапката. Сложеноста и посебните особености на истрагата претставуваат фактори коишто треба да се земат предвид во овој аспект (видете ја, на пример, пресудата Scott против Шпанија од 18 декември 1996 година, Reports 1996-VI, стр. 2399-2400, § 74, и пресудата I.A. против Франција од 23 септември 1998 година, Reports 1998-VII, стр. 2978, § 102).
(ii) Примена на горенаведените принципи во конкретниов предмет
(α) Основи за притвор
115. Во текот на периодот опфатен со надлежноста ratione temporis на Судот, Магаданскиот градски суд, одбивајќи го ослободувањето на апликантот, се повикал на тежината на обвиненијата против него и на опасноста од неговото попречување на утврдувањето на вистината доколку е на слобода (видете го ставот 69 погоре). Судот забележува дека и претходно Градскиот суд цитирал слични основи – на 27 декември 1996 и 8 август 1997 година – за да го оправда продолжениот притвор на апликантот (видете ги ставовите 43 и 46 погоре).
Понатаму забележува дека главната причина за одлуката да се притвори апликантот на 29 јуни 1995 година била дека тој ја попречувал истрагата на предметот со тоа што одбивал да предаде одредени банкарски документи потребни за истрагата, вршел притисок врз сведоците и наводно фалсификувал докази. Одлуката исто така ја зела предвид тежината на обвиненијата.
116. Судот потсетува дека постоењето на силно сомневање за инволвираност на лице во тешко кривично дело, иако претставува релевантен фактор, не може само по себе да го оправда долготрајниот период на притворот (видете ја, на пример, пресудата Scott протв Шпанија цитирана погоре, стр. 2401, § 78). Во врска со другиот основ на кој упатил Магаданскиот градски суд при продолжувањето на притворот на апликантот, имено опасноста од попречувањето на испитувањето на предметот, Судот забележува дека за разлика од налогот на иследникот од 29 јуни 1995 година, Градскиот суд не навел никакви фактички околности во поткрепа на неговите заклучоци, коишто биле идентични во 1996, 1997 и во 1999 година. Не се врши упатување во неговите одлуки на никаков фактор што би можел да покаже дека наведениот ризик навистина опстојувал во текот на релевантниот период.
117. Судот прифаќа дека мешањето во истрагата, заедно со сомневањето дека апликантот ги сторил делата за кои се товарел првично би можело да го оправда притворањето на апликантот. Сепак, со напредокот на постапката и завршувањето на прибирањето на доказите, тој основ неизбежно станал помалку релевантен.
118. Сума сумарум, Судот наоѓа дека причините на кои се повикале органите за да го оправдаат притворот на апликантот, иако биле првично релевантни и доволни, ја загубиле својата тежина како изминувало времето.
(β) Водење на постапката
119. Во врска со времетраењето на кривичната истрага, Судот ги забележува наодите од домашните судови дека предметот не бил особено сложен и дека истрагата по предметот била со лош квалитет, што придонело до оддолжување на постапката (видете ги ставовите 69 и 80 погоре). Судот не наоѓа причина да дојде до различен заклучок. Исто така забележува дека според домашните судови, иследниците неоправдано се обиделе да го зголемат бројот на точки во обвинителниот акт (видете го ставот 80 погоре) – замерка што се поткрепува со фактот дека само едно од деветте обвиненија против апликантот биле утврдени за поткрепени со докази во пресудата на Магаданскиот градски суд на 3 август 1999 година.
120. Што се однесува до последователната судска постапка, Судот забележува дека имало значително оддолговлекување во постапката пред Магаданскиот градски суд. Судењето, коешто отпочнало на 11 ноември 1996 година, било одложено до 7 мај 1997 година поради разрешувањето на претседавачкиот судија. Тоа не продолжило до 15 април 1999 година, иако биле преземени одредени процесни чекори во јули-август 1997 година (назначување на нов судија и закажување на рочиште), мај и јули 1998 година (пренос на предметот во друг суд), ноември 1998 година (закажување на рочиште), јануари и март 1998 година (одлуки за потреба од дополнителна истрага).
Иако е вистинито дека рочиштето закажано за 8 август 1997 година морало да биде одложено заради отсуството на адвокатот на апликантот и апликантот поднел приговор против преносот на неговиот предмет во друг суд - потег што имал за цел да ја забрза постапката - Судот смета дека апликантот не придонел суштински кон должината на постапката помеѓу два периода на судење, кога немало напредок во предметот.
Така, јасно е дека оддолжената постапка не се припишува ниту на сложеноста на предметот, ниту на однесувањето на апликантот. Имајќи ги предвид особеностите на истрагата и суштинските одложувања на судските постапки, Судот смета дека органите не постапувале со сета соодветна експедитивност.
(γ) Заклучок
121. Со заднина како што е претходно опишаната, Судот наоѓа дека периодот што апликантот го поминал во притвор го надминува „разумниот рок“. Така, постои повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 6 § 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
122. Апликантот се пожалил дека кривичното обвнинение против него не било определено во разумен рок, како што се бара со членот 6 § 1 од Конвенцијата, чијшто релевантен дел е како што следува:
„При определувањето на ... кривично обвинение против него, секое лице има право на .... рочиште во разумен рок од страна на законски основан трибунал.“
А. Период што треба да се земе предвид
123. Апликантот тврдел дека периодот што треба да се земе предвид започнал на 8 февруари 1995 година со поведувањето на кривичната постапка против него, а завршил на 31 март 2000 година, кога Магаданскиот градски суд ја донел втората пресуда во предметот.
Владата тврдела дека периодот што требало да се земе предвид траел од преносот на предметот на апликантот до Магаданскиот градски суд на 6 февруари 1996 година сè до изрекувањето на неговата прва пресуда на 3 август 1999 година.
124. Судот потсетува дека периодот што треба да се земе предвид при определувањето на должината на кривичната постапка започнува со денот на кој лицето е „обвинето“ во рамките на автономната и материјална смисла што му се дава на тој термин (видете, меѓу другите пресуди, пресудата Corigliano против Италија од 10 декември 1982 година, Серија А бр. 57, стр. 13, § 34, и пресудата Imbrioscia против Швајцарија од 24 ноември 1993 година, Серија А бр. 275, стр. 13, § 36). Завршува со денот на кој обвинението е финално определено или постапката прекинува.
Периодот што се разгледува во конкретниов предмет отпочнал на 8 февруари 1995 година, кога апликантот станал осомничен за делото проневера. Што се однесува до крајот на периодот, Судот забележува дека по одлуката да се прекинат останатите обвиненија на 29 септември 1999 година, по пресудата од Градскиот суд од 3 август 1999 година, било поведено ново обвинение против апликантот на 30 септември 1999 година врз основа на истите факти. Забележува дека новото обвинение било дел од првичниот кривичен предмет бр. 48529, којшто бил поведен на 8 септември 1995 година. Во вакви околности и земајќи го предвид тајмингот на новото обвинение, Судот утврдува дека периодот што треба да се земе предвид завршил на 31 март 2000 година, кога Градскиот суд ја изрекол пресудата определувајќи го финалното обвинение.
Периодот што е предмет на разгледување, односно од 8 февруари 1995 до 31 март 2000 година, вкупно изнесувал 5 години, 1 месец и 23 дена за, всушност, еден судски степен, и покрај бројните споредни постапки. Иако со надлежноста ratione temporis само се опфаќа периодот по влегувањето во сила на Конвенцијата за Русија на 5 мај 1998 година, Судот може да ја земе предвид состојбата на постапката на тој датум (видете, меѓу другите референтни пресуди, mutatis mutandis, пресудата Yağci and Sargin против Турција од 8 јуни 1995 година, Серија A бр. 319-A, стр. 16, § 40).
Б. Разумност на должината на постапката
125. Судот потсетува дека разумноста на должината на постапката треба да се оценува во контекст на конкретните околности на предметот, имајќи ги предвид критериумите утврдени во јуриспруденцијата на Судот, а особено сложеноста на предметот, однесувањето на апликантот и однесувањето на надлежните власти. За последново, треба да се разгледа исто така и влогот на апликантот (видете, меѓу другите референтни пресуди, пресудата Kudla против Полска цитирана погоре, § 124).
1. Поднесоците на страните
126. Што се однесува до сложеноста на предметот, апликантот упатил на наодот од Магаданскиот областен суд од 15 март 1999 година дека предметот не бил особено сложен и дека тоа не може да го оправда јавеното одолговлекување.
Што се однесува до неговото однесување, апликантот навел дека неговите жалби имале да цел да ја забрзаат постапката. Дополнително, членот 6 од Конвенцијата на бара негова активна соработка со судството, ниту може неговиот обид да побара правен лек да се употреби против него.
Што се однесува до однесувањето на органите, апликантот упатил на слабиот квалитет на претходната истрага и на истражните недостатоци како што биле утврдени од Магаданскиот градски суд на 3 август 1999 година. Освен тоа, и самиот Градски суд го повредил домашниот процесен закон со тоа што не постапувал по роковите за почетокот на судењето коишто се предвидени со членовите 223-1 и 239 од Законот за кривичната постапка. Било истакнато дека на судењето судот испрашал само деветмина сведоци. Апликантот исто така се повикал на отстранувањето на судијата од неговиот предмет, што немало никаква врска со него, и на преносот на неговиот предмет до Хасинскиот околиски суд, што се покажало неефективно за забрзувањето на предметот.
127. Владата признала дека испитувањето на предметот на апликантот траело долго време, но навела дека тој период не бил неразумен. Се тврдело дека долготрајното испитување на предметот на апликантот било предизвикано од неговата сложеност и обемност, како и од потребата за неговата темелна и сеопфатна истрага.
Освен тоа, апликантот придонел во должината на постапката преку поднесувањето на повеќе жалби, вклучително и повторливи молби за предлози што биле претходно одбивани. Владата упатила во овој контекст на наодите од Магаданскиот градски суд од 15 јули 1999 и 22 јули 1999 година, коишто сметале дека бројните барања на апликантот вложувани во текот на судењето претставувале намерен обид да се одолговлечи постапката. Претставките на апликантот за пренос на неговиот предмет во друг суд вложувани во периодот меѓу две рочишта исто така предизвикале одолговлекување. Било истакнато дека 30% од предметното досие на апликантот се состоело од неговите жалби и предлози.
Владата исто така истакнала дека периодот на притворот на апликантот бил засметан во должината на неговата казна. Затоа, должината на притворот на апликантот не влијаела врз целокупниот период на неговото затворање.
И на крај, Владата навела дека органите покажале хуманост кон апликантот преку амнестијата, што го ослободила порано од издржувањето на неговата казна, дури и покрај тоа што не ѝ надоместил на банката и на многуте коминтенти за штетата која им ја предизвикал.
2. Оценка на Судот
(а) Сложеноста на предметот
128. Судот забележува дека предметната постапка, во која апликантот бил единствениот обвинет, се однесувала на финансиски кривични дела со значителни докази, што го опфаќала испрашувањето на одреден број сведоци. Сепак, забележува дека од 7 мај 1997 година, кога било одложено судењето, до 15 април 1999 година, кога тоа продолжило, не биле преземени никакви истражни мерки.
Судот го забележува наодот на домашниот суд дека предметот не бил толку сложен за да го оправда одолговлекувањето во постапката (видете го ставот 69 погоре).
Така, не биле само сложеноста на предметот или барањата на истрагата виновни за должината на постапката.
(б) Однесување на апликантот
129. Судот забележува дека во текот на домашната судска постапка, апликантот вложил бројни барања во врска со неговиот предмет, како за време на судењето, така и меѓу рочиштата. Потсетува дека со членот 6 не се бара лицето обвинето за кривично дело активно да соработува со судските органи (видете ја, на пример, пресудата Dobbertin против Франција од 25 февруари 1993 година, Серија А бр. 256-D, стр. 117, § 43).
Забележува дека судечкиот суд нашол дека барањата на апликантот вложени во текот на судењето од 15 април 1999 година се опструктивни во испитувањето на неговиот предмет. Сепак, не постои индиција дека во текот на другите периоди на судење, односно од 11 ноември 1996 до 7 мај 1997 година, и од 20 декември 1999 до 31 март 2000 година, однесувањето на апликантот го развлекувало процесот.
Што се однесува до барањата вложувани од апликантот меѓу две рочишта, Судот забележува дека тие во главно се однесувале на продолжениот неуспех на судот да го испита неговиот предмет. Судот не може да утврди дека ваквите барања придонеле во забавувањето на постапката, особено зашто главно останале без ефект. Иако е вистинито дека за да се забрза постапката предметот на апликантот му бил префрлен на друг суд, апликантот не може да биде критикуван што поднел приговор против тоа ако преносот не резултирал со напредок во неговиот предмет.
Судот исто така забележува дека еднаш, на 8 август 1997 година, рочиштето морало да се одложи затоа што адвокатот на апликантот не се појавил.
130. Судот смета дека иако апликантот може да се најде за одговорен за одредени одложувања, неговото однесување суштински не придонело за должината на постапката.
(в) Однесувањето на домашните органи
131. Како што е веќе наведено погоре, имало значително одолговлекување во домашната постапка, што не можело да се објасни со сложеноста на предметот или однесувањето на апликантот. Поконкретно, предметот бил практично заспан пред судечкиот суд речиси две години, односно од 7 мај 1997 до 15 април 1999 година.
132. Судот забележува дека во текот на постапката апликантот бил задржан во притвор – факт којшто изискувал особена внимателност од страна на судоите што постапувале по предметот за експедитивно да ја администрираат правдата.
133. Судот понатаму забележува дека, по пресудата од Магаданскиот градски суд на 3 август 1999 година, и одлуката да се прекине со останатите обвиненија на 29 септември 1999 година, органите повеле ново обвинение против апликантот врз основа на истите факти, со што уште повеќе придонеле за должината на постапката, којашто веќе траеле повеќе од четири и пол години пред првостепениот суд.
134. Смета дека органите не успеале да ја исполнат својата должност за посебна внимателност, а особено по влегувањето во сила на Конвенцијата на 5 мај 1998 година.
3. Заклучок
135. Имајќи ја предвид горенаведената заднина, Судот смета дека должината на постапката не го задоволила условот за „разумен рок“. Следствено на тоа, постои повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
136. Членот 41 од Конвенцијата го предвидува следново:
„Доколку Судот утврди повреда на Конвенцијата или на протоколите кон истата, и ако домашното право на засегнатата Висока земја договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот, по потреба, и одредува правична отштета на повредената страна.“
А. Материјална штета
137. Апликантот побарал отштета во врска со следново:
(1) 130.599 американски долари („УСД“) заради загуба на плата како претседател на Северо-источната комерцијална банка, во времетраењето на неговиот притвор од јули 1995 до 20 април 2000 година;
(2) УСД 203.000 за загуба на плата од друго друштво од каде што бил отпуштен поради неговото лишување од слобода;
(3) УСД 500.000 за загуба на имотот на неговото друштво по неговото апсење;
(4) УСД 8.600 за загуба на неговиот автомобил;
(5) УСД 11.734.376 за загуба на добивка од акции што не можел да ги продаде по нивната пазарна вредност во 1995 година;
(6) УСД 436.226 за загуба на неговиот мнозински акционерски удел во фабрика којашто банкротирала во 1997 година.
Севкупното барање за материјална отштета изнесувало УСД 13.012.702.
138. Владата го оспорила ова барање.
139. Судот потсетува дека доделува паричен надомест согласно членот 41 само кога е убеден дека загубата или штетата на која се упатува во жалбата фактички била предизвикана од утврдената повреда.
Што се однесува до побарувањето од ставката (1), Судот забележува дека апликантот бил осуден и дека периодот на неговиот притвор бил одбиен од неговата целокупна казна. Затоа смета дека жалбата не може да се одобри.
Што се однесува до остатокот од побарувањата, Судот смета дека не е утврдена причинско-последична врска помеѓу наводната штета и утврдената повреда.
Затоа, Судот го одбива побарувањето на апликантот согласно ова поглавје.
Б. Нематеријална штета
140. Апликантот побарал 9.636.000 француски франци на име нематеријална штета.
141. Владата навела дека побарувањето е претерано и дека самото утврдување на повреда би претставувало правично задоволување.
142. Судот смета дека должината на притворот на апликантот во такви притворски услови, како и должината на кривичната постапка, мора да му предизвикале чувства на фрустрација, неизвесност и јад што не може да се надоместат само со утврдувањето на повреда.
143. Одлучувајќи на правична основа, Судот му доделува на апликантот вкупна сума од 5.000 евра („ЕУР“) на име нематеријална штета.
В. Трошоци и надоместоци
144. Апликантот навел дека неговите трошоци за адвокатските услуги во домашната постапка изнесувале околу 40.000 УСД.
145. Владата сметала дека таквото побарување е неосновано и претерано, со оглед на стапката на адвокатските надоместоци во релевантниот период во далечниот Магадански регион. Тие понатаму ја оспориле автентичноста на одредени документи што ги доставил апликантот. Исто така било аргументирано дека трошоците што ги сносил апликантот во домашната постапка не би требало да се надоместат затоа што апликантот бил прогласен за виновен и му била изречена казна затвор.
146. Судот потсетува дека за трошоците и надоместоците да може да се опфатат со отштетата која се доделува согласно членот 41, мора да се утврди дека тие биле реално и неопходно сносени за да се спречи или да се добие отштета за елементот за којшто е утврдено дека претставува повреда на Конвенцијата и биле разумни во однос на квантумот (видете, на пример, Nielsen and Johnson против Норвешка [ГСС], бр. 23118/93, § 43, ECHR 1999-VIII). Од поднесениот материјал очигледно е дека апликантот сносел адвокатски и судски трошоци во врска со неговите обиди да го осигури своето ослободување со кауција. Сепак, доставил само делумна документирана поткрепа за побараната сума. Освен тоа, сносените трошоци не се однесувале исклучиво на повредите на членовите 3, 5 § 3 и 6 § 1 од Конвенцијата.
Донесувајќи оценка врз правична основа, Судот смета дека е разумно да му додели на апликантот сума од 3.000 ЕУР согласно ова поглавје.
Г. Затезна камата
147. Судот смета дека затезната камата треба да се утврди на годишната стапка еднаква на маргиналната стапка за заеми на Европската централна банка плус три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Одлучува дека постои повреда на членот 3 од Конвенцијата;
2. Одлучува дека постои повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата;
3. Одлучува дека постои повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата;
4. Одлучува
(а) дека тужената Држава треба да му ги плати на апликантот, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане правосилна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата, следниве износи што треба да се конвертираат во руски рубљи според курсната стапка применлива на датумот на исплатата;
(i) 5.000 ЕУР (пет илјади евра) на име нематеријална штета;
(ii) 3.000 ЕУР (три илјади евра) на име трошоци и надоместоци;
(iii) данокот што се наплаќа на горенаведените суми;
(б) се плаќа единечна камата на годишно ниво еднаква на маргиналната стапка на заеми на Европската централна банка плус три процентни поени од истекот на горенаведениот рок од три месеци до исплатата;
5. Го отфрла останатиот дел од барањето на апликантот за правична отштета.
Изготвено на англиски јазик и доставено во писмена форма на 15 јули 2002 година согласно Правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
С. ДОЛЕ Ј.-П. КОСТА
Секретар Претседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и Правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, кон оваа пресуда се приложува издвоеното согласно мислење на г. Ковлер.
ЈПЦ СД
ИЗДВОЕНО СОГЛАСНО МИСЛЕЊЕ НА СУДИЈА КОВЛЕР
(Превод)
Генерално го делам мислењето на моите колеги во овој предмет. Меѓутоа, имајќи ја предвид правната важност на пресудата на Судот, сметам дека е неопходно да дадам одредени забелешки.
1. Резервата што ја вовела Русија во врска со членот 5 §§ 3 и 4 од Конвенцијата во врска со примената на некои одредби од Законот за кривична постапка на РСФРС од 27 октомври 1960 година („ЗКП“) со последователните измени и дополнувања на постапката за задржување во притвор на осомничените исто така се проширува на членот 97 за „Период на притвор“ од ЗКП, што е наведено во резервата заедно со други одредби од ЗКП. Затоа, тешко ми е да го оправдам заклучокот на Судот во ставот 108 од пресудата дека резервата не опфаќа дел од притворот на апликантот.
Според мене, ќе било многу посоодветно Судот да одлучел дека резервата се однесува најмалку на периодот што апликантот го поминал во притвор чекајќи го исходот од кривичната истрага. Сепак, треба да се има на ум дека една широка конструкција на текстот од резервата како што се применува на членот 97 од ЗКП би можела да резултира со одредени наоди дека продолжувањето на притворот надвор од роковите утврдени во Одделите 4-7 од членот 97 од ЗКП се законски: Во случаи кога обвинетиот и неговиот или нејзиниот адвокат не можат да го испитаат предметното досие пред истекот на максималниот период на притвор, кога обвинетиот и неговиот или нејзиниот адвокат бараат дополнителна истрага или кога судот упатува предмет на дополнителна истрага кога истекол периодот на притвор.
Со други зборови, резервата на Русија согласно членот 5 §§ 3 и 4 се применува не само на постапката за притвор (којашто, патем речено, драстично е сменета од 1 јули 2002 година со стапувањето во сила на релевантни одредби од новиот ЗКП), но исто така и на други периоди на притвор. Во врска со ова, треба да се определи дали „притворот“ го опфаќа периодот поминат во притвор откако кривичниот предмет бил префрлен во судечкиот суд.
2. Руското процесно право разликува помеѓу два тима на притвор: претходен притвор во исчекување на истрага («за следствием») и претходен притвор во исчекување на судење («за судом»). Разликата е отсликана во законот од 13 јуни 2001 година, којашто го ограничува на шест месеци максималното времетраење на судската постапка во кривичната материја. Сепак, во ставот 110 од неговата пресуда, Судот, упатувајќи на неговата судска пракса, сметал дека притворот го опфаќа целокупниот период на притворање пред судењето од денот кога поединецот е лишен од слобода до денот кога е изречена судската пресуда. На крајот на краиштата, за еден притвореник заклучен во претрупана ќелија, нема голема разлика дали неговиот притвор се смета дека е во очекување на исходот од истрагата или од судењето, ниту пак дали бил спроведен пред или по влегувањето во сила на Конвенцијата за тужената држава. Оваа разлика би можела да му биде важна на Судот, кога Судот би прифатил дека маргината на уважување на државата е релевантна во определувањето на разумноста на периодите на притвор.
Апликантот бил задржан во притвор во исчекување на завршувањето на истрагата од 29 јуни 1995 година (денот кога бил лишен од слобода) до 19 јуни 1996 година (денот кога Обласното обвинителство го префрлило предметот до Магаданскиот градски суд), односно единаесет месеци и дваесет и два дена, што е помалку од максималниот период од осумнаесет месеци утврден во Одделот 2 од членот 97 од ЗКП, по што обвинетиот може веднаш да биде пуштен (Оддел 3 од членот 97 од ЗКП). Овој дел од притворот на апликантот не може да се импутира од тужената држава затоа што датира од периодот пред влегувањето во сила на Конвенцијата за Русија (некомпатибилен ratione temporis).
Притворот на апликантот во исчекување на завршувањето на судската постапка траел до 3 август 1999 година, кога Магаданскиот градски суд ја донел својата прва пресуда, односно три години еден месец и дваесет и еден ден (како што утврдува Судот во ставот 110 од својата пресуда погоре). Не треба да забораваме дека одолговлекувањето во донесувањето на пресудата, а следствено на тоа и продолжениот престој во притвор на апликантот, делумно се припишува на жалбите од страна на апликантот пред судиите и неговите барања постапката да ја спроведува друг суд, како и на замената на адвокатите и нивното непојавување, коишто факти Судот имплицитно ги прифаќа во ставот 130 од пресудата. Ова одолговлекување изнесувало една година и три месеци. Секако, не би ги оправдало процесните одолговлекувања предизвикани од самите судови, но сепак создава различна слика од притворот на апликантот во исчекувањето на завршницата од судењето.
И на крај, упатувањето на предметот на понатамошна истрага и изрекувањето од страна на Магаданскиот градски суд на 31 март 2000 година на втората пресуда го продолжило времетраењето на притворот за уште седум месеци, во согасност со Одделот 7 од членот 97 од ЗКП.
Сепак, сè на сè, апликантот поминал пет години, еден месец и дваесет и три дена во притвор, од кои четири години, девет месеци и два дена ги поминал во Притворниот центар бр. 1 во Магадан. Ова не може да се смета дека е разумен период на притвор за цели на членот 5 § 3 од Конвенцијата, и покрај околностите што ги споменав погоре. Согласно Одделот 8 од членот 97 од ЗКП, апликантот неколку пати се пожалил пред судовите за законитоста и валидноста на неговиот притвор. Со тоа ги исцрпил, како што се бара со членот 35 § 1 од Конвенцијата, сите домашни правни лекови кои му се на располагање во овој контекст.
3. Во врска со прашањата од членот 6 § 1 од Конвенцијата (правично и јавно судење во разумен рок), Судот, за жал, според мене го занемарил фактот дека апликантот не го искористил своето право да вложи жалба против пресудата од 3 август 1999 година, па така го оставил отворено прашањето на исцрпување на домашните правни лекови. Точно е, сепак, дека аргументите на апликантот се засилени со фактот дека оваа пресуда не била правосилна, со оглед на понатамошната истрага и новата пресуда изречена на 31 март 2000 година.
4. Имајќи ги предвид горенаведените аргументи, сметам дека е соодветно да се согласам со мислењето на моите колеги во врска со повредите на членовите 3, 5 § 3 и 6 § 1 од Конвенцијата, но верувам дека доделувањето на правична отштета од ставот 143 од пресудата требало да биде засебно обработено во однос на разните утврдени повреди.
Full & Egal Universal Law Academy