© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012 година. Овој превод е нарачан со поддршка од Повереничкиот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За повеќе информации видете го целосното известување за авторските права на крајот на документот.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyrights/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТИ ОДДЕЛ
ПРЕДМЕТ К.У. против ФИНСКА
(Жалба бр. 2872/02)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
2 декември 2008 г.
КОНЕЧНА
02/03/2009
Оваа пресуда може да биде предмет на редакциски измени.
Во предметот К.У. против Финска,
Европскиот суд за човекови права (Четврти оддел), заседавајќи како Совет составен од следниве судии:
Nicolas Bratza, Претседател,
Lech Garlicki,
Giovanni Bonello,
Ljiljana Mijović,
David Thór Björgvinsson,
Ján Šikuta,
Päivi Hirvelä, судии,
и Lawrence Early, Секретар на Одделот,
По заседавањето без присуство на јавноста на 13 јуни 2008 година,
Ја изрекува следнава пресуда, што беше донесена на тој датум:
ПОСТАПКА
1. Предметот произлегува од жалба (бр. 2872/02) против Република Финска, поднесена пред Судот во согласност со член 34 на Конвенцијата за заштита на човековите права и на основните слободи („Конвенцијата“) од страна на фински државјанин („жалител“) на 1 јануари 2002 година. Претседателот на Советот го исполни барањето на подносителот да не се открива неговото име (Правило 47 § 3 од Деловникот на Судот).
1. Жалителот беше застапуван од г. P. Huttunen, адвокат што работи во Хелсинки. Финската Влада („Владата“) беше застапувана од од својот Застапник, г. Arto Kosonen од Министерството за надворешни работи.
2. Жалителот тврдел, особено, дека Државата не ја исполнила својата позитивна обврска да го заштити неговото право на почитување на неговиот приватен живот во согласност со член 8 на Конвенцијата.
3. Со одлука од 27 јуни 2006 година, Судот ја прогласил жалбата за допуштена.
4. Жалителот и Владата поднеле дополнителни поднесоци во писмена форма (Правило 59 § 1). Откако Советот одлучи, по консултации со страните, дека не е потребно да се спроведува расправа за основаноста (Правило 59 § 3 in fine), секој страна во писмена форма одговорила на поднесоците што ги поднела другата страна. Дополнително, биле примени и коментари од трети страни од Хелсиншката фондација за човекови права, која добила дозвола од Претседателот да интервенира во писмената постапка (член 36 § 2 и Правило 44 § 2).
ФАКТИЧКА СОСТОЈБА
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА ПРЕДМЕТОТ
5. Жалителот е роден во 1986 година.
6. На 15 март 1999 година непознато лице или лица објавиле оглас на интернет страница за склучување познанства во име на жалителот, кој во тоа време бил на возраст од 12 години, без неговото знаење. Во огласот биле наведени неговата возраст и годината на раѓање, детален опис на неговиот физички изглед, врска до веб локација што тој ја имал во тоа време, каде биле прикажани неговата фотографија, како и неговиот телефонски број, што бил точен, со исклучок на една бројка. Во огласот се тврдело дека тој е заинтересиран за интимни односи со момче на негова возраст или постаро „што ќе го изведе на прав пат“.
7. Подносителот разбрал за објавениот оглас на интернет кога добил електронска порака од некој човек кој му понудил да се сретне со него и „потоа да види што тој сака“.
8. Таткото на жалителот побарал од полицијата да го идентификува лицето што го објавило огласот за да поднесе пријава против тоа лице. Давателот на услугите, меѓутоа, одбил да го открие идентитетот на носителот на соодветната таканаречена динамичка IP адреса, сметајќи дека е обврзан да ја чува доверливоста на телекомуникациите во согласност со законот.
9. Полицијата потоа побарала од Окружниот суд во Хелсинки (käräjäoikeus, tingsrätten) да му нареди на давателот на услугите да ги открие овие информации во согласност со член 28 на Законот за кривична истрага (esitutkintalaki, förundersökningslagen; Акт бр. 449/1987, изменет со Акт бр. 692/1997).
10. Во одлука донесена на 19 јануари 2001 година, Окружниот суд одбил да го стори тоа бидејќи не постоела експлицитна законска одредба што го овластува да му нареди на давателот на услугите да открие телекомуникациски идентификациски податоци прекршувајќи ја деловната тајност. Судот забележал дека врз основа на Глава 5а, член 3 на Законот за присилни мерки (pakkokeinolaki, tvångsmedelslagen; Закон бр. 450/1987) и член 18 на Законот за заштита на приватноста и безбедност на податоците во телекомуникациите (laki yksityisyydensuojasta televiestinnässä ja teletoiminnan tietoturvasta, lag om integritetsskydd vid telekommunikation och dataskydd inom televerksamhet; Закон бр. 565/1999) полицијата имала право да го добие телекомуникациските идентификациски податоци во случаи што се однесуваат на определени кривични дела, без оглед на обврската за чување на тајноста. Меѓутоа, злонамерното лажно претставување не претставувало едно таквите дела.
11. На 14 март 2001 година Апелацискиот суд (hovioikeus, hovrätten) ја потврдил одлуката и на 31 август 2001 година Врховниот суд (korkein oikeus, högsta domstolen) одбил да допушти жалба.
12. Лицето што се јавило на огласот и контактирало со жалителот било идентификувано преку неговата адреса за електронска пошта.
13. Управителот на друштвото што ја обезбедувало интернет услугата не можел да биде обвинет, бидејќи, во својата одлука од 2 април 2001 година, обвинителот утврдил дека наводното дело застарило. Наводното дело претставувало повреда на Законот за лични податоци (henkilötietolaki, personuppgiftslagen; Закон бр. 523/99, што влегол во сила на 1 јуни 1999 г.). Поконкретно, давателот на услугите објавил клеветнички оглас на својата веб локација без да го потврди идентитетот на испраќачот.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКТИКА
14. Финскиот Уставен закон (Suomen hallitusmuoto, Regeringsform för Finland; Закон бр. 94/1919, изменет со закон бр. 969/1995) бил во сила до 1 март 2000 година. Неговиот член 8 соодветствува на член 10 во тековниот Устав на Финска (Suomen perustuslaki, Finlands grundlag; Акт бр. 731/1999), кој предвидува дека правото на секој човек на приватен живот е загарантирано.
15. Во материјалното време, Глава 27, член 3 на Кривичниот законик (rikoslaki, strafflagen; Акт бр. 908/1974) го предвидувал следново:
„Лицето кое на начин што е различен од горенаведениот ќе стори дело на злонамерно лажно претставување против друго лице преку навредлива изјава, закана или други понижувачки постапки му се изрекува за злонамерно лажно претставување парична казна или казна затвор со времетраење од најмногу три месеци.
Ако злонамерното лажно претставување се изврши јавно или во печатот, писмена или графичка форма што се дистрибуира од страна на виновникот или чие дистрибуирање е предизвикано од страна на виновникот, на одговорното лице му се изрекува парична казна или казна затвор во времетраење од најмногу четири месеци.“
16. Во релевантното време, во Глава 5а, член 3 на Законот за присилни мерки, се предвидувало следново:
„Предуслови за следење на телекомуникации
Ако постои основано сомнение дека некое лице
1) сторило дело што е казниво со казна затвор во времетраење од најмалку 4 месеци,
2) дело против компјутерски систем со употреба на терминален уред, дело поврзано со дрога, или
3) сторило казнив обид за извршување на делата што се спомнуваат погоре во овој член,
властите што ја спроведуваат кривичната истрага може да се овластат да ја следат телекомуникациската врска што ја поседува осомниченото лице или што на друг начин се претпоставува дека е користена од него, или привремено да ја онеспособи таквата врска, ако информациите што се добиени со следењето или онеспособувањето на врската може да се претпостави дека се од големо значење за истрагата во врска со делото ...“
18. Член 18, став 1(1) на Законот за заштита на приватноста и безбедност на податоците во телекомуникациите, што влегол во сила на 1 јули 1999 година и бил укинат на 1 септември 2004 година, предвидувал:
„Без оглед на обврската за тајност што е утврдена со член 7, полицијата има право да добие:
(1) идентификациски податоци за преносите на информации за конкретна претплатничка врска, со согласност на оштетената страна и сопственикот на претплатничката врска, неопходни за целите на истрагата за дело што се спомнува во Глава 16, член 9a, Глава 17, член 13(2) или Глава 24, член 3a на Кривичниот законик (Акт бр. 39/1889) ...“
17. Член 48 на Законот за лични податоци предвидува дека давателот на услугите е под кривична одговорност да го потврди идентитетот на испраќачот пред да објави некој клеветнички оглас на својата веб локација. Член 47 предвидува дека давателот на услуги е, исто така, одговорен за исплата на обесштетување.
18. Во соодветното време, обработката и објавувањето на чувствителни информации во врска со сексуалното однесување на интернет сервер без согласноста на субјектот бил инкриминиран како прекршок од областа на заштитата на податоците во член 43 на Законот за лични досиеја (Акт бр. 630/1995) и Глава 38, член 9 (Акт бр. 578/1995) на Кривичниот законик, и како повреда на заштитата на податоците во член 44 на Законот за лични досиеја. Покрај тоа, тоа можело да доведе и до одговорност за штети врз основа на член 42 (Акт бр. 471/1987) на горенаведениот Акт.
19. Член 17 од Законот за остварување на слободата на изразување во медиумите (laki sanavapauden käyttämisestä joukkoviestinnässä, lagen om yttrandefrihet i masskommunikation: Акт бр. 460/2003), што влегол во сила на 1 јануари 2004 година, предвидува:
„Издавање идентификациски информации за мрежна порака
На барање од службеник со овластувања за апсење, јавен обвинител или оштетена страна, судот може да му нареди на чуварот на предавател, сервер или друг сличен уред да ги даде бараните информации за идентификација на испраќачот на мрежната порака на барателот, под услов ако постои основано сомнение дека пораката е со таква содржина што нејзиното објавување претставува кривично дело. Меѓутоа, издавањето на идентификациските информации на оштетената страна може да се нареди единствено во случај ако тој или таа има право да поднесе приватна тужба за делото. Барањето се поднесува до Окружниот суд во домицилот на чуварот на уредот, или до Окружниот суд во Хелсинки, во рок од три месеци по објавувањето на предметната порака. Судот може да ја засили наредбата преку изрекување закана за парична казна.
III. РЕЛЕВАНТНИ МЕЃУНАРОДНИ МАТЕРИЈАЛИ
А. Совет на Европа
20. Брзиот развој на телекомуникациските технологии во последниве децении доведе до појавата на нови видови криминал и овозможи извршување на традиционалните злосторства со употреба на нови технологии. Советот на Европа ја препознаа потребата да одговори соодветно и брзо на овој нов предизвик уште во 1989 година, кога Министерскиот комитет ја донесе Препораката бр. R (89) 9 во врска со криминалот поврзан со компјутерите. Решителни да осигурат дека истражните власти поседуваат соодветни посебни овластувања за истражување на криминалот поврзан со компјутерите, во 1995 година Министерскиот комитет ја донесе Препораката бр. R (95) 13 за проблемите на процедуралното кривично право во врска со информатичката технологија. Во точка 12 на принципите што се приложени кон неа се препорачува:
„Треба да се воведат посебни обврски за давателите на услуги што нудат телекомуникациски услуги на јавноста, преку јавни или приватни мрежи, за обезбедување информации за откривање на идентитетот на корисникот, кога за тоа ќе добијат налог од надлежните истражни органи.“
21. Останатите принципи што се однесуваат на обврската за соработка со истражните органи гласат:
„9. Имајќи ги предвид ограничувањата определени со правните овластувања и заштита, повеќето правни системи им дозволуваат на истражните органи да им наредат на лицата да ги предадат предметите врз кои тие имаат контрола и што се потребни за да послужат како докази. Истовремено, треба да се утврдат одредби за овластувањето за издавање налози на лицата да ги поднесат утврдените податоци што се под нивна контрола во компјутерски систем во форматот што го бара истражниот орган.
10. Имајќи ги предвид ограничувањата определени со правните овластувања и заштита, истражните органи треба да имаат овластување да им наложат на лицата што поседуваат податоци во компјутерски систем под нивна контрола да ги обезбедат сите потребни информации за да овозможат пристап до компјутерскиот систем и до податоците во него. Процедуралното кривично право треба да осигури дека сличен налог може да им се издава на други лица што имаат познавања за функционирањето на компјутерскиот систем или за применетите мерки за заштита на податоците во таквиот систем.
22. Во 1996, Европскиот комитет за кривично-правни прашања основа експертски комитет за адресирање на прашањето на компјутерскиот криминал. Се сметаше дека, иако претходните две препораки за материјалното и процедуралното право не поминаа незабележано, единствено правно обврзувачки меѓународен инструмент може да ја гарантира потребната ефикасност во борбата против кривичните дела во кибер просторот. Конвенцијата за компјутерски криминал беше отворена за потпишување на 23 ноември 2001 година и влезе во сила на 1 јули 2004 година. Таа е првиот и единствениот меѓународен договор за кривични дела што се извршени преку интернет и е отворена за сите земји. Конвенцијата бара од земјите да ги предвид како кривични дела следниве дејствија: противправно пристапување до компјутерски систем, противправно пресретнување на компјутерски податоци, упад (вмешување) во податоци или компјутерски систем, злоупотреба на уреди, фалсификување и измама поврзани со компјутер, детска порнографија, повреда на авторските и сродните права. Дополнителниот протокол на Конвенцијата, донесен во 2003 година, дополнително бара инкриминација на говорот на омразата, ксенофобијата и расизмот. Опфатот на процесните одредби на Конвенцијата не е ограничен само на делата што се дефинирани во Конвенцијата и таа се применува за сите дела што се извршени со помош на компјутерски систем:
„Член 14 – Опфат на процесните одредби
1.Секоја страна усвојува законодавни и други мерки што може да бидат неопходни за воспоставување на овластувањата и постапките предвидени во овој оддел со цел да се овозможи преземањето на посебни истражни дејствија или постапки.
2. ... секоја страна ги применува овластувањата и процесните дејствија што се наведени во став 1 на овој член во однос на:
а) кривичните дела предвидени во согласност со членовите 2 до 11 на оваа Конвенција;
б) останатите кривични дела сторени со помош на компјутерски систем; и
в) прибирањето докази во електронска форма за определено кривично дело.
3. ...”
23. Процесните овластувања вклучуваат: експедитивно зачувување на складирани компјутерски податоци, експедитивно зачувување и делумно откривање на преносни податоци, наредба за поднесување, претрес и запленување на складирани компјутерски податоци, прибирање преносни податоци во реално време и пресретнување на податоци што се наоѓаат во содржината на електронските комуникации. Од особено значење е овластувањето за наложување на давателот на услугите да ги поднесе претплатничките информации во врска со своите услуги; навистина, извештајот со објаснувања ја опишува тешкотијата во идентификацијата на сторителот како еден од главните предизвици во борбата против криминалот во мрежното окружување:
„Член 18 – Наредба за поднесување докази
1.Секоја страна донесува законодавни и други мерки што се неопходни за овластување на надлежните власти да му наредат или наложат:
а) на лице кое се наоѓа на нивната територија да поднесе точно определени компјутерски податоци кои се во владение или под контрола на тоа лице и кои се складирани во компјутерски систем или во медиум за чување компјутерски податоци; и
б) на давател на услуги кој нуди услуги на територијата на страната да достави претплатнички информации во врска со таквите услуги што се во владение или под контрола на тој давател на услуги.
2.Овластувањата и постапките што се спомнуваат во овој член се предмет на одредбите содржани во членовите 14 и 15.
3.Во смисла на овој член, изразот „претплатничка информација“ значи информација содржана во облик на компјутерски податоци или каков било друг формат што го поседува давателот на услугите а која се однесува на претплатниците на неговите услуги, со исклучок на преносните или содржинските податоци, врз чијашто основа може да се утврди:
а) видот на користената комуникациска услуга, техничките услуги и временскиот период во кој е користена услугата;
б) Идентитетот на претплатникот, неговата поштенска адреса или географска локација, број на телефон или други броеви за контакт, информации за сметката и наплатата што се достапни врз основа на договор или друг вид спогодба за користење на услугите;
в) сите останати информации за локацијата на која е поставена комуникациската опрема, што се достапни врз основа на договор или друг вид спогодба за користење на услугите.“
24. Извештајот со објаснувања забележува дека, во текот на кривичната истрага, претплатничките информации може да бидат потребни првенствено во две ситуации. Прво, да се идентификува кои услуги и поврзани технички мерки биле користени или се користат од страна на претплатникот, како што се видот на користената телефонска услуга, видот на останатите користени поврзани услуги (на пример, пренасочување на повици, говорна пошта), телефонскиот број или друга техничка адреса (на пример, е-маил адресата). Второ, кога техничката адреса е позната, претплатничката информација е потребна за да го помогне утврдувањето на идентитетот на соодветното лице. Наредбата за поднесување докази обезбедува помалку наметлива и помалку тешка мерка што органите на прогонот може да ја применуваат наместо мерките како пресретнувањето на содржинските податоци или прибирањето на преносни податоци во реално време, кои мора да бидат ограничени единствено на потешките кривични дела (членови 20 и 21).
25. На светската конференција „Соработка против компјутерскиот криминал“, одржана во Стразбур на 1-2 април 2008 беа донесени „Упатства за соработка меѓу полицијата и давателите на интернет услуги во борбата против компјутерскиот криминал“. Нивната цел да им помогнат на полициите и на давателите на интернет услуги да ја структурираат својата интеракција во однос на прашањата поврзани со компјутерскиот криминал. Со цел да се зајакне безбедноста на компјутерските системи и да се минимизира користењето на услугите за незаконски цели, се сметаше дека е неопходно двете страни да соработуваат меѓусебно на ефикасен начин. Упатствата наведуваат практични мерки што може да се преземат од страна на полициските служби и давателите на услугите, охрабрувајќи ги да разменуваат информации со цел да ги зајакнат своите капацитети за идентификација и сузбивање на новите видови компјутерски криминал. Конкретно, давателите на услугите беа охрабрени да соработуваат со полициските служби со цел да го помогнат минимизирањето на обемот во кој услугите се користат за криминални активности утврдени со закон.
Б. Обединетите Нации
26. Меѓу повеќето резолуции што беа донесени во областа на сајбер просторот, најрелевантните за овој предмет се резолуциите на Генералното собрание 55/63 од 4 декември 2000 година и 56/121 од 19 декември 2001 година за „борба против криминалната злоупотреба на информатичките технологии“. Помеѓу останатите мерки за борба против таквата злоупотреба, во Резолуцијата 55/63 се препорачува дека:
„(ѓ) Правните системи треба да го дозволат зачувувањето и брзиот пристап до електронски податоци што се однесуваат на определени кривични истраги“.
27. Во следната резолуција беше земена предвид вредноста на различните мерки и земјите-членки беа повторно повикани да ги земат истите предвид.
В. Европската унија
28. На 15 март 2006 година Европскиот парламент и Советот на Европската унија ја донесоа Директивата 2006/24/EЗ за чувањето на податоците што се добиваат или обработуваат во врска со обезбедувањето јавно достапни електронски комуникациски услуги или јавни комуникациски мрежи што ја менува и дополнува претходната Директива 2002/58/EЗ за чување на податоците. Целта на Директивата е да се усогласат одредбите на земјите-членки што се однесуваат на обврските на давателите на комуникациски услуги во однос на чувањето на определени податоци со цел да се осигури дека таквите податоци се достапни за целите на истрага, откривање и гонење на тешките кривични дела, како што се дефинирани со националните права на секоја земја-членка. Таа се применува за преносните податоци и податоците за географската локација како на правните, така и на физичките лица, и за поврзаните податоци што се неопходни за идентификација на претплатникот или регистрираниот корисник. Таа не се применува за содржината на електронските комуникации. Директивата бара од земјите-членки да осигурат дека определени категории податоци се чуваат во временски период од шест месеци до две години. Член 5 ги утврдува податоците што треба да се чуваат:
„1. Земјите-членки осигуруваат дека следниве категории податоци се чуваат во согласност со оваа Директива:
(а) податоците што се неопходни за пронаоѓање и идентификација на изворот на комуникацијата:
...
(2) во врска со пристапот кон интернет, електронската пошта и интернет телефонијата:
...;
(iii) името и адресата на претплатникот или регистрираниот корисник на кој, во времето на комуникацијата, му е доделена адреса на интернет протоколот (IP), корисничко име или телефонски број;“
29. Земјите-членки требаше да ја спроведат Директивата до 15 септември 2007 година. Меѓутоа, 16 земји, вклучувајќи ја и Финска, го искористија правото да ја одложат нејзината примена за пристапот кон интернет, електронската пошта и интернет телефонијата до 15 март 2009 година.
IV. СПОРЕДБЕНО ПРАВО
30. Компаративниот преглед на националните законодавства на земјите-членки на Советот на Европа покажува дека во најголемиот број земји постои посебна обврска на давателите на телекомуникациските услуги да поднесуваат компјутерски податоци, вклучувајќи претплатнички информации, како одговор на барање од страна на истражните или судските власти, без оглед на природата на делото. Некои земји имаат само општи одредби за поднесувањето документи и други податоци, што во практиката може да се прошират за да ја опфатат и обврската за поднесување на точно определени компјутерски и претплатнички податоци. Неколку земји сè уште ги немаат спроведено одредбите на член 18 на Конвенцијата на Советот на Европа за компјутерски криминал.
V. ПОДНЕСОЦИ ОД ТРЕТИ СТРАНИ
31. Хелсиншката Фондација за човекови права тврдела дека овој предмет го отвора прашањето на воспоставувањето рамнотежа меѓу заштитата на приватноста, честа и угледот, од една страна, и остварувањето на слободата на изразување, од другата. Таа заземала став дека овој предмет му нуди на Судот можност да ги дефинира позитивните обврски на Државата во оваа сфера и со тоа да ги унапреди заедничките стандарди за користење на интернетот во сите земји-членки.
32. Фондацијата нагласила дека интернетот претставува особено посебен начин на комуникација и дека еден од основните принципи за неговото користење е анонимноста. Високото ниво на анонимност ги охрабрува слободата на говорот и изразувањето на различните идеи. Од друга страна, пак, интернетот претставува моќна алатка за клеветење или навредување на луѓето или за повредување на нивното право на приватност. Поради анонимноста на интернет, жртвата на делото е ставена во ранлива положба. За разлика од традиционалните медиуми, жртвата не може лесно да го идентификува лицето што клевети поради фактот што тоа може да се сокрие зад прекар или дури да користи лажен идентитет.
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОВИТЕ 8 И 13 НА КОНВЕНЦИЈАТА
33. Жалителот поднесе жалба во согласност со член 8 на Конвенцијата дека се случило нарушување на неговиот приватен живот и дека не постоеле ефективни правни средства за откривање на идентитетот на лицето што го објавило клеветничкиот текст на интернет во негово име, во спротивност со член 13 на Конвенцијата.
Член 8 предвидува:
„1. Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2.Јавните власти не смеат да се мешаат во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и е неопходно во едно демократско општество во интересите на државната и јавната безбедност или економската благосостојба на земјата, заштитата на јавниот ред и спречување на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите.“
Член 13 предвидува:
„Секој човек, чиишто права или слободи што се утврдени со оваа Конвенција се нарушени има право на ефективни правни лекови пред националните власти, без оглед на тоа дали повредата на правата и слободите ја сториле лица при вршење на службена должност.“
A. ПОДНЕСОЦИ НА СТРАНИТЕ
34. Жалителот тврдел дека финското законодавство во тоа време го заштитувало криминалецот, додека, пак, жртвата немала средства како да добие правна заштита или заштита против повреда на приватноста. Врз основа на Кривичниот законик, спорното дело било казниво, но Владата направила пропуст во осигурувањето дека Законот за заштита на приватноста и безбедност на податоците во телекомуникациите и Законот за присилни мерки се меѓусебно усогласени. Тој тврдел дека случајната можност за барање обесштетување во парничка постапка, особено од трета страна, не била доволна за заштита на неговите права. Тој нагласил дека немал начин како да го открие идентитетот на лицето што го објавило огласот на интернет. Иако надоместокот на штетата може да биде ефикасен правен лек во определени случаи, зависно од тоа дали надоместокот бил платен од лицето што ги повредило правата на жртвата, што не било случај во оваа жалба. Според Владата, било донесено ново законодавство кое, доколку постоело во времето на настаните, би ја направила оваа жалба беспредметна. Според мислењето на жалителот, Владата не дала никакво оправдување за својот пропуст да му ја обезбеди таквата заштита во материјалното време. Тој сметал, според тоа, дека постоеле повреди на членовите 8 и 13.
35. Владата нагласила дека во овој предмет мешањето во приватниот живот на жалителот бил осторено до страна на друго лице. Спорното дело во домашното право се сметало за дело на злонамерно лажно претставување и би било казниво како такво, што има одвратувачко дејство. Бил отворена истрага за идентификација на лицето што го објавило огласот на интернет, но таа истрага била неуспешна поради законодавството што тогаш било во сила, чија цел била заштитата на слободата на изразување и на правото на анонимно изразување. Законодавството го штитело објавувачот на анонимна интернет порака толку сеопфатно што заштитата ги опфаќала и пораките кои можно ја нарушуваат приватноста на некое друго лице. Овој несакан ефект на заштитата се должело на фактот што концептот за порака со која се нарушува заштитата на приватноста не бил јасно утврден и, оттаму, не било можно јасно да се исклучат таквите пораки од заштитата предвидена со закон. Сепак, биле достапни и други средства за правна заштита, како, на пр., Законот за лични податоци, што предвидувал заштита од злонамерно лажно претставување со тоа што операторот на серверот, врз основа на одредбите на овој Закон за кривичната одговорност и за одговорноста за штети, бил обврзан да осигури дека чувствителните податоци што се снимени од негова страна биле обработувани со согласност на субјектот на податоците. Покрај тоа, иако прекршокот од областа на заштитата на личните податоци застарел, жалителот сè уште имал можност да бара обесштетување од објавувачот на огласот. Во споредба со предметот X and Y v. the Netherlands (пресуда од 26 март 1985 година, Серија А, бр. 91), во овој предмет одговорноста за штети во смисла на помалку тешко дело имала доволно одвратувачко дејство. Дополнително, на жалителот му биле достапни и други механизми, како што е преткривичната истрага што ја води полицијата, гонење, судски постапки и обесштетувања.
36. Владата тврдела дека е важно да се разгледа состојбата во однос на законодавството во материјалното време во својот општествен контекст, кога брзиот пораст на употребата на интернетот бил на самиот свој почеток. Сегашното законодавство, Законот за остварување на слободата на изразување во медиумите (членови 2 и 7), што влезе во сила на 1 јануари 2004 година, и дава на полицијата посеопфатни овластувања да ја прекине заштитата на објавувачот на анонимна интернет порака за целите на кривичната истрага. Новото законодавство е одраз на одговорот на законодавецот на општествениот развој каде зголемената употреба - а истовремено и злоупотреба - на интернет бараше редефинирање на ограничувањата на заштитата. Оттаму, поради променетата состојба во општеството, последователното законодавство дополнително ја зајакнало заштитата на приватниот живот во однос на слободата на изразување, и особено заштитата на објавувачите на анонимни интернет пораки.
37. Меѓутоа, најсуштинско за овој предмет беше тоа што дури и законодавството во сила во материјалното време на жалителот му обезбедувало средства за вршење дејствија против дистрибуцијата на пораките што ја нарушуваат приватноста, на таков начин што операторот на интернет серверот на кој била објавена пораката имал законска обврска да провери дали односното лице дало согласност за обработка на чувствителните информации во врска со него на серверот на операторот. Оваа обврска била зајакната со кривична одговорност и одговорност за штети. Оттаму, законодавството му обезбедувало на жалителот доволна заштита на приватноста и ефективни правни средства.
Б. Процената на Судот
38. Судот на почетокот забележува дека жалителот, кој во соодветното време било малолетно лице на 12 -годишна возраст, бил предмет на оглас со сексуална природа објавен на интернет страница за склучување познанства. Идентитетот на лицето што го објавило огласот, меѓутоа, не може да се добие од интернет провајдерот поради законодавството што тогаш било во сила.
39. Применливоста на член 8 е неоспорна: фактите врз кои се заснова жалбата претставуваат прашања од „приватниот живот“, концепт кој ги опфаќа физичкиот и моралниот интегритет на лицето (видете X and Y v. the Netherlands, цитиран погоре, § 22). Иако овој предмет според домашното право се смета како предмет за злонамерно лажно претставување, Судот претпочита да ги нагласи овие посебни аспекти на концептот за приватен живот, имајќи ја предвид потенцијалната закана за физичката и менталната добросостојба на жалителот што ја носи спорната состојба и неговата ранливост со оглед на неговата возраст.
40. Судот повторува дека, иако целта на член 8 во основата е да се заштити поединецот од произволното мешање на јавните власти, тој не се сведува на едноставно присилување на Државата да се воздржи од таквото мешање: покрај оваа првенствено негативна обврска, може да постојат и позитивни обврски што се вградени во ефективното почитување на приватниот или семејниот живот (видете Airey v. Ireland, пресуда од 9 октомври 1979 г., Серија A бр. 32, § 32).
41. Овие обврски може да вклучуваат донесување мерки што се наменети за осигурување на почитувањето на приватниот живот дури и во сферата на односите меѓу самите поединци. Постојат различни начини за осигурување на почитувањето на приватниот живот и природата на обврската на државата ќе зависи од конкретниот аспект на приватниот живот во прашање. Без оглед на тоа што изборот на средствата за осигурување на усогласеноста со член 8 во областа на заштитата од постапки на поединци начелно е во просторот (дискрецијата) за одлучување на Државата, за ефективното одвраќање од тешките дела, што ги доведуваат во прашање основните вредности и суштинските аспекти на приватниот живот, се потребни ефикасни одредби од кривичното право (видете X and Y v. the Netherlands, §§ 23-24 и 27; August v. the United Kingdom (одлука), бр. 36505/02, 21 јануари 2003 г., и M.C. v. Bulgaria, бр. 39272/98, § 150, ECHR 2003‑XII).
42. Ограничувањата на дискрецијата за одлучување на националните власти сепак се утврдуваат со одредбите на Конвенцијата. При нивното толкување, со оглед на тоа што Конвенцијата првенствено и пред сѐ е систем за заштита на човековите права, Судот мора да ги земе предвид променливите услови во договорните земји и да реагира, на пример, на какви било зачетоци на конвергенцијата во однос на стандардите што треба да се постигнат (видете Christine Goodwin v. the United Kingdom [GC], бр. 28957/95, § 74, ECHR 2002-VI).
43. Судот смета дека, иако на овој предмет можеби не може да му се припише толкава сериозност како на предметот X and Y v. the Netherlands, каде кршењето на член 8 произлегува од непостоењето на ефективна кривична казна за силувањето на хендикепирано девојче, сепак тој не може да се третира како безначаен предмет. Се работи за кривично дело што вклучува малолетно лице кое станало можна цел на педофилите (видете го, исто така, став 41 погоре во врска со ова).
44. Владата потврди дека во тоа време на операторот на серверот не можело да му се нареди да обезбеди информации за идентификација на престапникот. Владата трвдела дека била обезбедена заштита со самото постоење на кривичното дело - злонамерно лажно претставување и со можноста за поднесување кривична пријава или тужбено барање за отштета против операторот на серверот. Во однос на првонаведеното, Судот забележува дека постоењето на определено дело има ограничено одвратувачко дејство доколку не постојат средства за идентификација на вистинскиот престапник и за негово изведување пред правдата. Во однос на ова прашање, Судот забележува дека не ја исклучил можноста дека позитивните обврски на Државата од член 8 за заштита на физичкиот или моралниот интегритет на поединецот може да ги опфаќа и прашањата во врска со ефективноста на кривичната истрага дури и кога не се работи за кривична одговорност на лица што вршат должности во име на Државата (видете Osman v. the United Kingdom, пресуда од 28 октомври 1998 г., Извептаи за пресуди и одлуки 1998-VIII, § 128). Според Судот, Државите имаат позитивна обврска што е вградена во член 8 на Конвенцијата за инкриминација на делата против лицето, вклучувајќи ги делата во обид, како и за зајакнување на одвратувачкото дејство на инкриминацијата применувајќи ги одредбите од кривичното право во практика преку ефикасни истражни дејствија и судско гонење (видете, mutatis mutandis, M.C. v. Bulgaria, цитирано погоре, § 153). Во случајот кога е загрозена физичката и моралната добросостојба на детето, таквата судска забрана добива уште поголема важност. Судот потсетува во врска со ова дека сексуалната злоупотреба несомнено претставува недело од одвратен вид, со вознемирувачки последици за своите жртви. Децата и останатите поединци што им припаѓаат на ранливите категории имаат право на заштита од Државата, во форма на ефективно одвраќање, од таквите тешки видови на мешање во суштинските аспекти на нивните приватни животи (видете Stubbings and Others v. the United Kingdom, 22 октомври 1996, § 64, Извештаи 1996‑IV).
45. Во однос на аргументот на Владата дека жалителот имал можност да добие обесштетување од трета страна, имено од давателот на услугите, Судот смета дека тоа не било доволно во околностите на овој предмет. Јасно е дека и за јавниот интерес и за заштитата на интересите на жртвите на злосторства против нивната физичка или психолошка добросостојба е потребно да има достапно правно средство што овозможува идентификација на вистинскиот сторител и негово изведување пред правдата, во конкретниот предмет лицето што го објавило огласот во име на жалителот, и жртвата да добие финансиско обесштетување од тоа лице.
46. Судот прифаќа дека со оглед на тешкотиите поврзани со одржувањето на редот во модерните општества, позитивната обврска мора да се толкува на начин што не смее да наметне невозможно или несразмерно оптоварување за властите, или, во конкретниот предмет, законодавецот. Уште едно релевантно прашање што треба да се земе предвид е потребата за осигурување дека овластувањата за контролирање, спречување и истражување на престапите се спроведуваат на начин што во целост го почитува правото на соодветна судска постапка и другите гаранции кои легитимно утврдуваат ограничувања врз кривичната истрага и изведувањето на престапниците пред лицето на правдата, вклучувајќи ги гаранциите содржани во членовите 8 и 10 на Конвенцијата, што се гаранции на кои може да се повикаат и самите престапници. Судот е свесен за аргументот на Владата дека сите законодавни недостатоци треба да се гледаат во својот општествен контекст во соодветното време. Судот, истовремено, забележува дека релевантниот инцидент се случил во 1999 година, односно, во време кога веќе било добро познато дека интернетот, токму поради својот анонимен карактер, може да се употреби за криминални цели (видете ги ставовите 22 и 24 погоре). Исто така, широко распространетиот проблем на сексуалната злоупотреба на децата стана многу добро познат во текот на претходната деценија. Оттаму, не може да се каже дека тужената Влада немала можност да воспостави систем за заштита на децата жртви од нивното изложување како цели на пристапување од педофили преку интернет.
47. Судот смета дека за практичната и ефективната заштита на жалителот требало да се преземат ефективни мерки за идентификација и гонење на сторителот, т.е., лицето што го објавило огласот. Во овој предмет таквата заштита не била дадена. Никогаш не можела да се поведе ефективна истрага поради предоминантното барање за доверливост. Без оглед на тоа што слободата на изразувањето и тајноста на комуникациите се прашања од примарно значење и корисниците на телекомуникациските и интернет услугите мора да имаат гаранции дека се почитува нивната приватност и слобода на изразување, таквата гаранција не може да биде апсолутна и мора да попушти во определени случаи на други легитимни императиви, како што се спречувањето на нереди и злосторства или заштитата на правата и слободите на другите. Без тоа да биде во спротивност со прашањето дали однесувањето на лицето што го објавило навредливиот оглас на интернет може да биде предуслов за заштитата од членовите 8 и 10, имајќи ја предвид неговата природа која е достојна за прекор, сепак е задача на законодавецот да ја обезбеди рамката за усогласување на различните барања што си конкурираат за заштитата во овој контекст. Меѓутоа, таквата рамка не била воспоставена во материјалното време и како резултат на тоа позитивната обврска на Финска во однос на жалителот не може да биде извршена. Овој недостаток било исправен подоцна. Сепак, механизмите што биле воведени со Законот за остварување на слободата на изразување во медиумите (видете став 21 погоре) се појавиле предоцна за жалителот.
48. Судот утврди дека постои повреда на член 8 во овој предмет.
49. Имајќи го предвид заклучокот во однос на член 8, Судот смета дека не е потребно да се разгледува дали, во овој предмет, постоела и повреда на член 13 (видете, меѓу останатите релевантни предмети, Sallinen and Others v. Finland, бр. 50882/99, §§ 102 и 110, 27 септември 2005 г., и Copland v. the United Kingdom, бр. 62617/00, §§ 50-51, ECHR 2007‑...).
II. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
50. Член 41 на Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумно отстранување на последиците на таквата повреда, Судот, доколку е тоа потребно, и овозможува правично обесштетување на оштетената страна.“
А. Нематеријална штета
51. Во име на нематеријална штета жалителот барал 3.500 евра (ЕУР) за страдање.
52. Владата изјавила дека надоместокот не треба да биде поголем од 2.500 ЕУР.
53. Судот заклучува дека подносителот мора да претрпел нематеријална штета. Судот смета дека доволно правичното задоволување на правдата не може да се обезбеди само преку утврдување дека постоела повреда и дека според тоа треба да се исплати обесштетување. Одлучувајќи врз правична основа, Судот пресудува дека на жалителот треба да му се исплати обесштетување од 3.000 ЕУР од оваа ставка.
Б. Судски и други трошоци
54. Жалителот побарал 2.500 ЕУР за трошоците што биле поднесени во текот на постапките пред националните судови и постапките пред Судот.
55. Владата се сомневала дали жалителот ја поднел бараната документација.
56. Судот укажува дека не е поднесена никаква документација што се бара со Правилото 60 од Деловникот на Судот. Овие барања мора, според тоа, да се одбијат.
В. Затезна камата
59. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се пресметува врз основа на маргиналната каматна стапка на Европската централна банка, на која треба да и се додадат три процентни поени.
ПОРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1.Заклучува дека постои повреда на член 8 на Конвенцијата;
2.Заклучува дека нема потреба за посебно разгледување на жалбата врз основа на член 13 на Конвенцијата;
3.Заклучува
(а) дека тужената Држава треба да му исплати на жалителот, во рок од три месеци по денот на кој пресудата станува конечна и правосилна во согласност со член 44 § 2 на Конвенцијата, износ од 3.000 ЕУР ( три илјади евра), зголемен за какви било даноци што може да се плативи, за претрпената нематеријална штета;
(б) дека од истекувањето на претходно наведениот рок од три месеци до исплатата се пресметува проста камата на горенаведениот износ по стапка еднаква на маргиналната каматна стапка на Европската централна банка во текот на периодот на доцнење на исплатата, зголемена за три процентни поени;
4.Го одбива остатокот од барањето на подносителите за правично обесштетување.
Изготвено на англиски јазик и доставено во писмена форма на 2 декември 2008 година, во согласност со Правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Lawrence EarlyNicolas Bratza
СекретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012 година.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот јазик. Овој превод е нарачан со поддршка од Повереничкиот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не е обврзувачки за Судот, ниту пак Судот презема каква било одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се преземе од HUDOC базата на податоци за судската практика на Европскиот суд за човекови права () или од кој било друга база на податоци на која што Судот го има отстапено преводот. Преводот може да се репродуцира за некомерцијални цели под услов ако се цитира целосниот наслов на предметот, заедно со ова известување за авторските права и упатување до Повереничкиот фонд за човекови права. Ако се планира да се искористи кој било дел од преводот за комерцијални цели, ве молиме обратете се кај publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of the translation for commercial purpose, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle put être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy