© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2014. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА КУРИЌ И ДРУГИ против СЛОВЕНИЈА
(Жалба бр. 26828/06)
ПРЕСУДА
(Правичен надоместок)
СТРАЗБУР
12 март 2014 год.
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на Куриќ и други против Словенија
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Диан Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Жан-Пол Коста (Jean-Paul Costa),
Николас Браца (Nicolas Bratza),
Франсоаз Тилкен (Françoise Tulkens),
Гвидо Раимонди (Guido Raimondi),
Нина Вајиќ (Nina Vajić),
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Изабел Беро-Лефевр (Isabelle Berro-Lefèvre),
Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič),
Елизабет Штајнер (Elisabeth Steiner),
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Јоргос Николау (George Nicolaou),
Луиз Лопез Гера (Luis López Guerra),
Здравка Калајџиева (Zdravka Kalaydjieva),
Небојша Вучиниќ (Nebojša Vučinić),
Гана Јудкивска (Ganna Yudkivska),
Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger), судии,
и Мајкл О’Бојл (Michael O’Boyle), заменик секретар,
Откако го разгледа случајот на затворени седници на 28 февруари 2014 г.,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 26828/06) против Република Словенија поднесена до Судот на 4 јули 2006 година согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на г-динот Милан Макуќ, хрватски државјанин и уште десет други жалители. По смртта на г-динот Макуќ случајот беше преименуван во Куриќ и други против Словенија. Осум жалители останаа во постапката пред Големиот судски совет (види параграф 4 долу).
2. Жалителите беа застапувани пред Судот од г-динот А.Г. Лана и г-динот А. Секучи, адвокати со пракса во Рим.
3. Словенечката влада („Владата“) беше застапувана од нивниот агент, г-динот Л. Бембич, државен правобранител.
4. Во пресудата усвоена на 26 јуни 2012 г. („главната пресуда“) Големиот судски совет го прогласи, со мнозинство гласови, делот од жалбата во однос на два жалители, г-динот Дебатиќ и г-ѓата Ристановиќ, за недопуштен заради тоа што не биле исцрпени сите домашните правни лекови.
5. Понатаму едногласно одлучи дека имало повреда на правото на почитување на „приватниот или семеен живот“ или двете (членот 8 од Конвенцијата), правото на делотворен правен лек (член 13) и забрана на дискриминација (членот 14, разгледан заедно со членот 8) во однос на преостанатите шестмина жалители: г-динот Куроќ, г-ата Мезга, г-динот Ристановиќ, г-динот Бериша. г-динот Адеми и г-динот Миниќ.
6. Судот утврди дека повредата во суштина потекнувала од тоа што подолго време словенечките власти не го регулирале статусот на жалителите во однос на нивниот престој, и покрај пресудите на Уставниот суд по кои требале да се раководат, по нивното незаконско „бришење“ од Евиденцијата на жителите со постојан престој на 26 февруари 1992 г., и од тоа што не им било дадено соодветно обесштетување. Како резултат на тоа не само жалителите во овој конкретен случај, туку исто така и голем број на други лица (целата категорија на т.н. „избришани“ (izbrisani), поранешни државјани на Социјалистичка Федеративна Република Југославија („СФРЈ“) со постојан престој во Словенија чии имиња биле „избришани“ на 26 февруари 1992 г.), биле и сè уште се погодени од мерката (види Kurić and Others v. Slovenia [GC], no. 26828/06, §§ 29, 408‑ 409 and 412, ECHR 2012 (извадоци)).
7. Во врска со ова, Судот одлучи да ја примени процедурата со пилот пресуда согласно членот 46 од Конвенцијата и правилото 61 од Деловникот на судот и наложил тужената држава да утврди како општа мерка ад хок домашна шема за надоместок во рок од една година од усвојувањето на главната пресуда, односно, не подоцна од 26 јуни 2013 (види ја точка 9 од оперативниот дел и став 415 од главната пресуда). Понатаму забележа дека измените и дополнувањата на Законот за правниот статус („изменет и дополнет Закон за правен статус“) бил спроведен тек неодамна и дека било прерано да се испита дали оваа законска реформа и различни други чекори што ги презела Владата постигнале или не задоволително регулирање на статусот за престој на „избришаните“ (види параграфи 410-411 од главната пресуда).
8. Согласно членот 41 од Конвенцијата, жалителите барале правичен надоместок за материјалната и нематеријалната штета која произлегла од повредите утврдени во овој случај, како и рефундирање на трошоците и издатоците што настанале пред судот.
9. Судот одлучи дека прашањето за примената на членот 41 не било готово за одлука што се однесува до тврдењата од жалителите за материјална штета и го резервираше тоа прашање, повикувајќи ја Владата и жалителите во рок од три месеци од датумот на известување за главната пресуда да ги поднесат своите пишани забелешки по ова прашање и, секако, да го известат судот доколку постигнат некаква спогодба. Поконкретно, Судот сметаше дека прашањето за примената на членот 41 треба да се разреши не само земајќи ја во предвид секоја спогодба која би можела да се постигне меѓу страните, туку исто така и во контекст на индивидуални или општи мерки кои би можеле да бидат преземени од Владата во спроведувањето на главната пресуда (ibid., § 424, и точка 10 од оперативниот дел од главната пресуда; види исто така Broniowski v. Poland (пријателска спогодба) [GC], no. 31443/96, §§ 3 and 36, ECHR 2005‑IX, и Hutten-Czapska v. Poland (пријателска спогодба) [GC], no. 35014/97, §§ 3 and 33, 28 April 2008). Во исчекување на спроведување на релевантните општи мерки, Судот го одложи своето разгледување на жалбите кои произлегоа од истата причина (види параграф 415 од главната пресуда).
Конечно, Големиот судски совет му додели по 20.000 евра (ЕУР) на секој успешен жалител (г-дин Куриќ, г-а Мезга, г-дин Ристанович, г-дин Бериша, г-дин Адеми и г-дин Миниќ) за нематеријалната штета и вкупна сума од 30.000 евра на жалителите за трошоци и издатоци кои настанале до таа фаза од постапките пред Големиот судски совет и ги отфрли останатите нивни побарувања во однос на овие прашања.
10. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите од член 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и правилото 24. На 31 октомври 2012 г. мандатот на Николас Браца како претседател на судот заврши. Деан Шпилман го наследи во тоа својство и го презеде претседавањето со Големиот судски совет во актуелниов случај (правило 9 § 2). Жан-Пол Коста, Николас Браца, Франсоаз Тилкен и Нина Вајиќ продолжија да учествува во составот и по истекувањето на нивниот мандат на функцијата согласно членот 23 § 3 од Конвенцијата и правилото 24 § 4. Согласно правилото 24 § 3, Анатолиј Ковлер, кому не му беше дозволено да учествува, беше заменет од Марк Вилигер.
11. По првичното продолжување на релевантниот рок во врска со постоечките побарувања за правичен надоместок согласно членот 41 и можноста за постигнување на пријателска спогодба во контекст на процедурата за пилот пресуда согласно Правилото 61 § 7, претседателот на Големиот судски совет им го одобри второто барање во таа смисла на Владата и ги информираше странките дека во отсуство на соодветен предлог за пријателска спогодба до 24 јуни 2013 г., Судот ќе пресуди по барањата за материјална штета.
12. Исто така, по барањето на тужената држава за продолжување за една година на рокот за воспоставување на ад хок шема за надоместок (види параграф 7 горе), Судот ги информираше странките на 9 април 2013 г. дека немале право да го одобрат таквото барање. Според мислењето на Судот ова беше прашање што треба да се изнесе пред Комитетот на министри согласно членот 46 § 2 од Конвенцијата.
Понатаму во однос на барањето од страна на тужената држава за повторно разгледување на одлуката, на 14 мај 2013 г. Судот, земајќи ја во предвид несигурноста на законодавниот процес во врска со ад хок шемата за надоместок и релативно малиот напредок што се чини дека бил постигнат до тој момент, одлучи да не го одобри барањето, нагласувајќи дека оваа одлука во ниеден случај не треба да се толкува како штетна по која било друга одлука на Комитетот на министри во спроведувањето на неговата надзорна функција согласно членот 46 од Конвенцијата.
13. На 24 јуни 2013 г. жалителите и тужената држава поединечно поднесоа забелешки во однос на побарувањата за правичен надоместок согласно членот 41 од Конвенцијата. Обете странки ја изразија својата подготвеност за пријателска спогодба, меѓутоа без да дадат некаков конкретен предлог за таа цел. Последователно, Судот одлучи дека ќе донесе пресуда во однос на истакнатите прашања согласно членот 41 од Конвенцијата и за истото ќе ги информира странките соодветно.
ФАКТИТЕ
14. Првиот жалител, г-динот Мустафа Куриќ е роден во 1935 г. и живее во Копер (Словенија). Тој е лице без државјанство. Вториот жалител, г-а Ана Мезга, е хрватски државјанин. Таа е родена во 1965 г. и живее во Порторож (Словенија). Третиот жалител, г-динот Трипун Ристановиќ е роден во 1988 г. и во моментов живее во Словенија. Тој е државјанин на Босна и Херцеговина. Четвртиот жалител, г-динот Али Бериша, е роден во 1969 г. во Косово. Според последните достапни податоци тој е државјанин на Србија. Во моментов живее во Германија. Петтиот жалител, г-динот Илфан Садик Адеми е роден во 1952 г. Тој живее во Германија и е македонски државјанин. Шестиот жалител, г-динот Зоран Миниќ, е роден во 1972 г. Според Владата тој е српски државјанин. Неговата точна локација е непозната.
I. ШТО СЛЕДЕШЕ ПОСЛЕ ГЛАВНАТА ПРЕСУДА
15. Крајниот рок за „избришаните“ да поднесат барања за дозвола за постојан престој согласно изменетиот Закон за правен статус истекол на 24 јули 2013 г. Тој закон бил усвоен со цел да се регулираат некомпатибилностите меѓу Законот за правен статус и Уставот по одлуката на Уставниот суд од 3 април 2013 г., и истиот стапи на сила на 24 јули 2010 г.
16. Изменетиот и дополнет Закон за правен статус уредува стекнување и на ex nunc и на ex tunc – и тоа, од 26 февруари 1992 г. – дозволи за постојан престој за „избришаните“ лица кои „реално живеат“ во Словенија согласно дефиницијата во Законот. Тој исто така го регулира статусот на децата на „избришаните“ и предвидува издавање на ретроактивни одлуки на оние „избришани“ лица на кои им било доделено словенечко државјанство без да се стекнат претходно со дозвола за постојан престој (види параграфи 71 и 76-79 од главната пресуда).
17. Поднесокот (бр. U-I-85/11) за уставно разгледување на изменетиот и дополнет Закон за правен статус поднесен на 26 април 2011 г. од страна на едно здружение, Граѓанска иницијатива на „избришаните“, заедно со други приватни лица, сè уште чека пред Уставниот суд (види параграф 81 од главната пресуда).
18. На 10 јануари 2013 г. Уставниот суд усвои одлука во врска со одговорноста на државата согласно членот 26 од Уставниот суд во случај што произлегува од систематски проблем на пролонгирано времетраење на постапките (види Lukenda v. Slovenia, no. 23032/02, §§ 89-98, ECHR 2005‑X). Тој одлучи дека членот 26 не може да се толкува тесно дека истиот вклучувал и одговорност на државата за незаконско однесување кое не можело да се поврзе со конкретно лице или орган што потпаѓа под јурисдикција на државата, туку само на самата држава. Ова исто така важеше и за гарантираното судење без непотребно одложување, за што не само судовите, туку сите три столба на власта – законодавната, извршната и судската – се одговорни. Одлуката на Уставниот суд е релевантна за спроведување на главната пресуда во овој случај.
19. Во мај 2013 г. Владата пред „општата јавност“ го претстави првичниот предлог за Предлог закон чија цел била да воведат ад хок шема за надоместок за „избришаните“
20. На 25 јули 2013 г. Владата поднесе пред Парламентот предлог закон за надоместок на штетата за лицата избришани од евиденцијата на лица со постојан престој (Predlog Zakona o povračilu škode osebam, ki so bile izbrisane iz registra stalnega prebivalstva – види параграф 7 горе). Предлог законот, со измените и дополнувањата, бил усвоен на 21 ноември 2013 г. Законот што следеше бил објавен во Службен весник бр. 99/2013 на 2 декември 2013 г. Истиот стапил на сила на 18 декември 2013 г. а ќе почне да се применува од 18 јуни 2014 г.
21. Законот уредува дека корисниците на шемата за надоместок ќе бидат оние „избришани“ лица кои се стекнале со дозвола за престој, по кој било правен основ, или кои добиле словенечко државјанство. Корисници се и оние „избришани“ лица чие барање било одбиено согласно претходната законска рамка - пред изменетиот и дополнет закон за правен статус да стапи на сили – што подложело на одредени услови: нивното барање не смеело да биде одбиено затоа што претставувало закана по јавниот ред, безбедноста или одбраната на Република Словенија, меѓународните односи и заради кривично гонење, како што е регулирано во релевантното законодавство, или по некој од другите основи утврдени во членот 3 од Законот за правен статус; постапките во однос на нивната примена не смееле да бидат прекинати по основ дека не соработувале; и тие морале „реално да престојуваат“ во Словенија. Последниот услов се толкува во контекст на членот 1 (ч) од изменетиот и дополнет Закон за правниот статус (види параграфи 77-79 и 211 од главната пресуда).
Во дефинирањето на опсегот на корисници, Владата ја зеде во предвид одлуката на Големиот судски совет и го прогласи делот од жалбата во врска со г-дин Дабетиќ и г-а Ристановиќ за недопуштен заради неисцрпување на домашните правни лекови (види параграф 4 горе), забележувајќи дека тие два жалители не успеале да покажат на никаков начин желба од своја страна да живеат во Словенија, односно да преземат некакви законски чекори за да го регулираат својот престој, што покажало дека не биле доволно заинтересирани за даденото прашање (спореди параграф 292 од главната пресуда). Секое побарување на надоместок согласно новиот закон требало да биде поднесено во рок од три години од неговото стапување на сила или по приемот на одлуката за постојан престој или словенечко државјанство. Во секој случај, периодот на „бришење“ не можел да го надмине датумот на стапување на сила на овој Закон.
22. Износот на надоместокот ќе се пресметувал врз основа на паушална сума од 50 евра за секој цел месец додека биле „избришани“, опфаќајќи ја и материјалната и нематеријалната штета што ја претрпеле. За оние „избришани“ лица чии барања не биле одобрени, периодот на „избришани“ ќе прекине со последната негативна одлука. Доколку добиле неколку негативни одлуки, периодот завршувал со последната одлука во однос на која условот за „реален престој“ во Словенија бил исполнет (види параграф 21 горе). Таквите „избришани“ лица можат да ги поднесат своите барања во рок од три години од датумот на последната негативна одлука.
23. Дополнително, доколку „избришаните“ сметаат дека имаат право на дополнителен надоместок ќе можат да поднесат барање согласно општите правила од Законикот за облигации (Obligacijski zakonik, Official Gazette no. 83/2001). Законот го отстранува застарувањето за побарувањето на отштета согласно Законикот за облигации, и актуелното толкување од страна на словенечките судови (види параграф 83 од главната пресуда), и воведува тригодишен период за барање на надоместок согласно оваа основа. Оние „избришани“ лица чии жалби биле одбиени можат да поднесат барање во рок од три години од датумот на последната негативна одлука. Меморандумот со образложение вели дека ограничувањето на износот на надоместокот е оправдано заради актуелната финансиска ситуација во Словенија и идејата за благосостојбата на државата.
24. Надоместок од овој вид може да се бара или преку управни постапки во однос на паушалниот износ, или преку судски постапки во однос на дополнителни побарувања за надоместок, притоа нагласувајќи дека вкупниот износ не може да биде повеќе од три пати над паушалниот износ од 50 евра за секој месец од периодот додека биле „избришани“.
25. Исто така оние „избришани“ лица чии барања за надоместок биле одбиени или постапките биле прекинати можат да поднесат нови барања.
26. На корисниците кои имаат право да добијат повеќе од 1000 евра како надоместок веднаш ќе им се исплати првичниот износ од 1000 евра, а преостанатиот износ ќе им се исплаќа на рати.
27. Тие исто така ќе имаат право и на други форми на правичен надоместок, со цел да им се олесни нивната реинтеграција во словенечкото општество. Ова вклучува и исплата од страна на властите на задолжителното здравствено осигурување, бенефиции и предност во рамките на програмите за социјална безбедност; пристап до други форми на државна помош и државни субвенции; бенефиции и предност во областа на домувањето (повластени кирии); пристап до образовниот систем; и конечно предност согласно програмите за странци кои не се државјани на земјите членки на Европската унија, во насока на нивната интеграција во културниот, економскиот и социјалниот живот на Словенија.
28. Во меморандум со образложение се вели дека до јули 2013 г. кога заврши подготовката на предлог законот 10.046 од 25.671 „избришани“, вклучително и 5.360 малолетници (исто така види параграфи 33 и 69 од главната пресуда), го решиле својот престој (2.807 со добиле дозвола за постојан престој, а 7.239 се стекнале словенечко државјанство). Некои имаат починато, а не е прецизиран бројот на „избришани“ кои ја имаат напуштено Словенија.
29. Според информациите објавени на интернет страницата на Министерството за внатрешни работи до 25 јули 2013 г. биле добиени 849 барања за ex nunc дозвола за постојан престој согласно изменетиот и дополнет Закон за правен статус (174 барања биле одбиени, додека 138 дозволи за престој биле издадени; 537 барања во моментов сè уште се во процедура).
Исто така, биле примени и 627 барања за ex tunc дозвола за постојан престој, 417 барања биле одобрени, седумдесет и шест барања биле одбиени или постапката била прекината, а 134 барања во моментов сè уште се во процедура.
ПРАВОТО
I. ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
30. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот ѝ доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Материјална штета
1. Изјаснување на жалителите
(а) Општи забелешки
31. На 26 септември 2012 г., после усвојувањето на главната пресуда, жалителите ги изменија своите побарувања во однос на материјалната штета. На 24 јуни 2013 г. тие потврдија дека ги задржуваат своите побарувања со сите измени и дополнувања.
Жалителите бараа надоместок по различни основи за материјална штета за целиот период од „бришењето“ на 26 февруари 1992 г., па сè до датумот кога се стекнале со дозволи за постојан престој: загуба на минат приход во однос на социјални надоместоци, надоместоци за домување, за сопружници или детски додаток и загуба на иден приход во однос на пензиските права (тие ги цитираа Iatridis v. Greece (just satisfaction) [GC], no. 31107/96, § 37, ECHR 2000‑XI, и Willis v. the United Kingdom, no. 36042/97, §§ 65-70, ECHR 2002‑IV).
32. Жалителите нагласија дека прецизната пресметка на износите потребни за репарација (restitutio in integrum) за паричната загуба што ја претрпеле може да биде невозможна заради „суштински несигурниот карактер“ на штетата што произлегла од повредата (цитиран Young, James and Webster v. the United Kingdom (поранешен член 50), 18 October 1982, § 11, Series A no. 55) и времето поминато од моментот кога се случило „бришењето“. Со оглед на големиот број на непознати вклучени во проценката на минатите и идните загуби, жалителите се потпираат на Судот да одлучи за ова прашање по сопствено видување, имајќи на ум што било правично (цитиран The Sunday Times v. the United Kingdom (no. 1) (поранешен член 50), 6 November 1980, § 15, Series A no. 38). Конкретно, во случајот на Смит и Грејди против Обединетото Кралство (Smith and Grady v. the United Kingdom, (правичен надоместок) nos. 33985/96 and 33986/96, §§ 18-21, ECHR 2000‑IX) Судот посочил дека немало никаква причина за сомнеж дека доколку жалителите не биле отпуштени со што биле повредени нивните права согласно Конвенцијата, тие ќе продолжеле да ги извршуваат своите службени должност на ефикасен начин, и тој им доделил правичен надоместок за материјалната штета заради загуба на минати и идни приходи земајќи ги во предвид можностите на нивните кариери.
(б) Загуба на минати приходи
(i) Социјална помош
33. Што се однесува до социјалната заштита, жалителите посочија дека немало сомнеж дека биле спречени да работат во Словенија или да се стекнат со доволно средства заради причини на кои тие не можеле ниту да влијаат ниту да ги контролираат и дека истите немале пристап до сигурна социјална заштита предвидена од релевантното законодавство.
34. Жалителите секој поединечно бараше износ кој кореспондира на сè она на што имале право како месечна социјална помош. Заради пресметка на тој вкупен износ, како основа го зеле стандардниот месечен износ од 260 евра што ќе можеле да го примаат доколку „бришењето“ не се случило, помножено со бројот на месеци додека биле „избришани“ плус камати. Износот кореспондираше на социјалната помош утврдена од Законот за социјална парична помош (Zakon o socialno varstvenih prejemkih, Official Gazette, no. 61/2010), земен заедно со членот 152(1) од Законот за порамнување на јавните финансии (Zakon za uravnoteženje javnih financ, Official Gazette, no. 40/2012).
35. Како одговор на изјаснувањата на Владата, жалителите сметаа дека ставот на Владата – според која стандардниот месечен износ требал да биде тој од 230.61 евра, што важел до декември 2011 г. и прилагоден на потрошувачките цени до 30 јуни 2013 г. – бил прифатлив (види параграф 55 долу).
36. Дополнително, законската рамка исто уредувала и социјалната помош за децата и брачните другари во семејствата со недоволно приходи, а тоа изнесувало 208 евра за првото дете и 182 евра за секое наредно дете додека на возрасен му следувале 130 евра.
37. Што се однесува до оспорувањето на она што му следувало на жалителот, г-динот Бериша да му се одобри побарувањето за целиот период додека бил „избришен“ (види параграфи 56 и 71 горе), жалителите се изјаснија дека Владата не успеала да ги посочи износите кои наводно тој ги примал во Германија после 1998 г. Тој би имал право најмалку на разликата меѓу двата износи во тој период како и на вкупниот износ пред тоа со оглед на недостатокот на никаков убедлив доказ кој би покажал дека тој всушност примал пари во Германија и, ако е така, колку. Г-динот Бериша исто така би имал право и на социјална помош за неговата жена и пет деца.
38. Што се однесува на оспореното следување на г-динот Адеми согласно овој основ жалителите се изјаснија дека изјавата на неговата ќерка, во текот на управните постапки, дека жалителот добивал социјална помош во текот на целиот негов престој во Германија (види параграфи 56 и 75-76 долу) не претставувало доволна основа за негово лишување од неговите права.
(ii) Додаток за домување
39. Во однос на додатокот за домување жалителите бараа 25% од износот на социјалната помош на која би имале право согласно Законот за социјална заштита од 2007 г. (Zakon o socialnem varstvu, Official Gazette, no. 3/2007).
40. Жалителите го оспорија тврдењето на Владата дека тие не ги исполнувале законските услови со оглед дека оние станари кои се стекнале со „специјално заштитено станарско право“ или „станарско право“ (stanovanjska pravica – види Berger-Krall and Others v. Slovenia (dec.), no. 14717/04, § 4, 28 May 2013) имале право на додаток за домување, и тоа само ако било поднесено барањето за додаток за домување, а по стапување на сила на Законот за домување од 2003 г. доколку поседувале словенечко државјанство (види параграф 57 долу). Жалителите тврдеа дека „специјално заштитено станарско право“ не бил услов согласно Законот за социјална заштита од 1992 г. (Zakon o socialnem varstvu, Official Gazette, no. 54/1992). Иако прифатија дека Законот за домување од 2003 г. (Stanovanjski zakon, Official Gazette, no. 69/2003) го вовел условот за словенечко државјанство, тие тврдеа дека доколку не биле „избришани“, можеле до тој датум да се стекнат со словенечко државјанство.
(iii) Детски додаток
41. Што се однесува до детските бенефиции, и кога истите можеле да се применат, жалителите се изјаснија дека тие ќе имале право на нив согласно Законот за уживање на правата на јавни средства (Zakon o uveljavljanju pravic iz javnih sredstev, Official Gazette, no. 62/2012). Месечниот детски додаток за семејства без приходи во моментот беше утврден на 114,30 евра за првото дете, 125,3 евра за второто дете и 137,18 евра за секое наредно дете. Детскиот додаток, којшто се разликува од социјалната помош за децата (види параграф 36 горе) им се доделувал и на семејства кои примаат социјална помош и на оние со ниски приходи.
42. Во однос на изјавата на Владата дека побарувањата на г-динот Бериша во однос на неговите пет деца би биле оправдани само за периодот додека престојувал со своето семејство во Словенија (види параграфи 59 и 71-74 долу), жалителите тврдеа дека тој имал право на истиот за целиот период со оглед на возраста на децата.
43 Што се однесува до побарувањата га г-ата Мезга за нејзините две постари деца што живеат во Хрватска, како одговор на тврдењето на Владата дека таа немала да има право на детски додаток со оглед дека нејзините деца живееле под старателска нега во Хрватска (види параграф 60 долу), жалителите тврдеа дека таа имала право на надоместок за детскиот додаток за нејзината ќерка Инес и нејзиниот син Енес, со оглед дека доколку жалителката не била „избришана“, децата ќе живееле со неа во Словенија и ќе добивала детски додаток.
(в) Загуба на идни приходи
Право на пензија
44. Што се однесува до идните приходи, жалителите се изјасниле дека тие не биле во можност да ги платат своите придонеси за пензиската шема и немале право на пензија согласно националното законодавство. Соодветно на тоа било можно да се утврди нивната минимална загуба на идни приходи упатувајќи на минималната пензија на која ќе имале право.
45. Согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување (Zakon o pokojninskem in invalidskem zavarovanju, Official Gazette, no. 106/99, со измените и дополнувањата) основната минимална пензија во моментот изнесувала 551,16 евра за лица со најмалку 15 години работен стаж. Жалителите ќе имале право на дел од тој износ во иднина, кој во моментот кореспондирал на 192,90 евра за мажите и 209,44 евра за жените. При пресметувањето на бараните износи согласно овој основ, жалителите го зеле во предвид актуелниот животен век (73,83 години за мажите и 81,36 години за жените).
46. Изјавата на Владата во однос на тоа дека сите лица со дозвола за постојан престој кои живееле во Словенија, вклучително и странци, а кои немале стекнато право на пензија имале право на парична поддршка или минимална пензија (види параграфи 63-64 долу) беше толкувана од жалителите како обврска дека ќе примале минимум пензија по исполнување на старосниот услов (шеесет и три години за жените и шеесет и четири години за мажите), доколку не го исполнеле правото на пензија или немале приходи или имот кој достигнува 460 евра.
(г) Поединечни жалители
(i) Г-дин Мустафа Куриќ
47. Жалителот, г-динот Куриќ, бил без никаков правен статус од 26 февруари 1992 до 2 ноември 2010 (осумнаесет години, осум месеци и седум дена).
Оттука вкупно 224 месеци бил без регулиран статус.
Жалителот побаруваше 58.240 евра за социјална помош и 14.560 евра за додаток за домување.
Дополнително побаруваше 9.259,20 евра за правото на пензија. Со оглед дека жалителот бил на возраст (седумдесет и седум години) која веќе била над очекуваниот животен век на мажите, се применувал очекуваниот животен век за жените.
Сè на сè жалителот побаруваше 82.059,20 евра за материјална штета.
(ii) Г-а Ана Мезга
48. Жалителката, г-ата Мезга, го изгубила својот правен статус на 26 февруари 1992 г., а ѝ била доделена дозвола за привремен престој како член на семејството на словенечки државјанин на 13 септември 2007 г. и дозвола за постојан престој на 1 март 2011 г. (деветнаесет години и два дена подоцна). Оттука вкупно 186 месеци била без регулиран статус и чекала 228 месеци за да се стекне со дозвола за постојан престој бидејќи дозволата за привремен престој не ѝ давала право на социјална заштита.
Жалителката побаруваше 59.280 евра за социјална помош и 14.820 евра за додаток за домување.
Дополнително, таа побаруваше уште 13.373,10 евра за детски додаток за Инес и 27.157,68 за Енес, нејзините постари деца што живеат во Хрватска.
Конечно жалителката побаруваше 85.451,52 евра за правото на пензија.
Сè на сè жалителката побаруваше 200.082,30 евра за материјална штета.
(iii) Г-дин Трипун Ристановиќ
49. Жалителот, г-динот Трипун Ристановиќ, останал без никаков правен статус од 26 февруари 1992 до 10 март 2011 г. (четиринаесет години, пет месеци и дваесет и пет дена додека бил малолетен сè до 20 август 2006 г. и четири години и дваесет дена како полнолетен). Оттука вкупно 228 месеци бил без регулиран статус.
Жалителот побаруваше 36.192 евра за социјална помош како дете и 14.040 евра како возрасен, како и 3.510 евра за додаток за домување.
Дополнително жалителот, кој имаше дваесет и четири години во времето на неговото изјаснување, побаруваше и 6.386,58 евра за месечните придонеси за пензиско осигурување што ќе можел да ги уплатува.
Сè на сè жалителот побаруваше 60.128,58 евра за материјална штета.
(iv) Г-дин Али Бериша
50. Жалителот, г-динот Бериша останал без никаков правен статус од 26 февруари 1992 до 19 октомври 2010 (осумнаесет години, седум месеци и дваесет дена). Оттука вкупно 223 месеци бил без регулиран статус.
Жалителот побаруваше 57.980 евра за социјална помош за него лично и 22.100 евра за неговата сопруга, како и 14.495 евра за додаток за домување.
Дополнително побаруваше и детски додаток за неговите пет деца по следниов редослед: 17.602,20 евра за Дем, 16.973,55 евра за Егзон, 15.775,70 евра за Егзона, 10.974,40 евра за Хаџи и 6.996,18 евра за Валон.
Конечно, жалителот побаруваше 71.758,80 евра за правото на пензија.
Сè на сè жалителот побаруваше 234.655,83 евра за материјална штета.
(v) Г-дин Илфан Садик Адеми
51. Жалителот, г-динот Адеми, останал без никаков правен статус од 26 февруари 1992 до 20 април 2011 г. (деветнаесет години, еден месец и дваесет и еден ден). Оттука вкупно 229 месеци бил без регулиран статус.
Жалителот побаруваше 59.540 евра за социјална помош и 14.885 евра за додаток за домување.
Дополнително побаруваше 32.407,20 евра за правото на пензија.
Сè на сè жалителот побаруваше 106.832,20 евра за материјална штета.
(vi) Г-дин Зоран Миниќ
52. Жалителот, г-динот Миниќ останал без никаков правен статус од 26 февруари 1992 до 4 мај 2011 г. (деветнаесет години, два месеци и пет дена). Оттука вкупно 230 месеци бил без регулиран статус.
Жалителот побаруваше 59.800 евра за социјална помош и 14.950 евра за додаток за домување.
Дополнително побаруваше 78.703,20 евра за правото на пензија.
Сè на сè жалителот побаруваше 153.453,20 евра за материјална штета.
2. Изјаснување на тужената Влада
(а) Општи забелешки
53. Во изјаснувањата од 24 јуни 2013 г. Владата изјави дека состојбата на поединечните жалители се разликувала во голема мерка и дека некои од нив потенцијално имале право на надоместок врз основа на различни социјални бенефиции и/или детски додатоци. Сепак причинско последичната поврзаност меѓу наводната штета и повреда што била утврдена била тешка да се докаже. Имало повеќе различни околности што биле нејасни и несигурни.
54. Дополнително, важечката законска регулатива и понатаму се менувала и воведувала нови ограничувања. Исто така, условите за живот на жалителите се менувале и не било јасно дали истите ќе ги исполнеле сите критериуми утврдени од одредена законска регулатива. Конечно, требало да се земе во предвид и економската состојба во Словенија при проценката на износите на кои жалителите потенцијално би имале право и при давањето на конкретни предлози (види под „Поединечни жалители“, параграфи 65-78 долу).
(б) Загуба на минати приходи
(i) Социјална помош
55. Владата забележа дека жалителите побарувале износ што кореспондирал на она на што наводно имале право во однос на месечната социјална помош за тој период додека биле „избришани“ земајќи го како основа стандардниот месечен износ од 260 евра (види параграф 34 горе). Меѓутоа, пред да стапат на сила измените и дополнувањата на Законот за парична социјална помош во 2012 г., основниот износ бил фиксиран на 230,61 евра. Според гледиштето на Владата, стандардниот месечен износ на минималната социјална помош на која жалителите потенцијално ќе имале право би можела да биде само 230,61 евра, износот што важел до декември 2011 г. а прилагоден за инфлацијата. Сепак, никаква реална понуда не била направена врз таа основа со оглед дека конкретните износи понудени на жалителите од Владата биле значително пониски, без никакви индикации за тоа како биле пресметани истите (види параграфи 66, 68, 70, 74, 76 и 78 долу).
56. Исто така, Владата забележала и дека некои од жалителите немале право на износи што кореспондирале на целиот период од „бришењето“ заради нивните лични околности. Исто така, други релевантни факти и важечкото законодавство исто така треба да се земат во предвид за утврдување на износите на кои жалителите потенцијално би имале право. Министерството за труд, семејство, социјални прашања и еднакви можности („Министерството“) подготвиле пресметки за социјалната помош на која жалителите потенцијално би имале право доколку биле исполнети сите услови, земајќи ги како основа месечните износи за поединец прилагодени на инфлацијата.
(ii) Додаток за домување
57. Што се однесува до додатокот за домување Владата тврдеше дека барањата на жалителите во овој дел биле неосновани. Согласно Законот за социјална сигурност од 1992 г., само оние станари – било да се словенечки државјани или не – што се стекнале со „специјално заштитено станарско право“ пред 19 октомври 1991 г. имале право на ваква помош, под услов да поднеле барање за истото до 25 февруари 1992 г. Па дури и да им било доделено, жалителите ќе имале право на додаток за домување само до 14 октомври 2003 г., кога Законот за домување од 2003 г. – кој го посочува државјанството како услов за таков додаток – стапил на сила.
Според податоците обезбедени од надлежните фондови за домување, од жалителите само г-динот Куриќ имал стекнато „специјално заштитено станарско право“, иако немал поднесено барање за додаток за домување до 1992 г.
Во секој случај, причинско последичната врска меѓу повредата на правата на жалителите согласно Конвенцијата и наводната претрпена штета изнесени во овој дел не била утврдена.
(iii) Детски додаток
58. Што се однесува до детскиот додаток Владата забележала дека жалителот Бериша поднел барање во овој дел за своите пет деца, а жалителката Мезга за своите две постари деца што живееле во Хрватска. Детскиот додаток првично бил регулиран со Законот за семејни приходи (Zakon o družinskih prejemkih, Official Gazette, no. 65/93), а подоцна со Законот за родителска заштита и семејни бенефиции (Zakon o starševskem varstvu in družinskih prejemkih, Official Gazette, no. 97/2001). Согласно членот 67 од вториов закон, правото на детски додаток се доделувало на еден од родителите под одредени услови.
59. Владата прифатила дека барањето на жалителот Бериша би било делумно оправдано за на периодите кога тој и неговото семејство престојувале во Словенија (види параграфи 71-73 долу).
60. Што се однесува до жалителката, г-ата Мезга, Владата тврдеше дека таа немала да има право на детски додаток било пред или после стапувањето на сила на Законот за родителска заштита и семејни бенефиции на 1 јануари 2002 г. со кој бил укинат детскиот додаток за децата што биле сместени кај семејства хранители, со оглед дека нејзините две постари деца биле сместени во семејства хранители во Хрватска, а не во Словенија. Таа никогаш не побарала детски додаток за нив во Словенија, а хрватското семејство хранители добивале детски додаток од Хрватска за нејзиниот син Енес.
(в) Загуба на идни приходи
Права на пензија
61. Што се однесува на загубата на приходи, Владата забележала дека жалителите ја барале најниската пензија на која ќе имале право доколку не биле избришани од евиденцијата на лица со постојан престој. Меѓутоа според гледиштето на Владата нивните побарувања во однос на социјалната помош исклучувале секакво барање за загуба на идни приходи во однос на пензиските права. Причинско последичната врска меѓу повредата на правата на жалителите согласно Конвенцијата што била утврдена и наводната претрпена штета изнесени во овој дел не била утврдена.
62. Согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување плаќањето на пензиските придонеси било задолжително за лица што биле вработени, само-вработени или работно ангажирани на некој друг начин. Едно лице имало право на пензиски права само доколку тој или таа плаќале придонеси најмалку петнаесет години и откако пропишаната возраст ќе била исполнета како услов, каде вториов услов постојано се зголемувал во изминатите неколку години и се очекувало и понатаму да расте.
63. Невработените не биле обврзани да ги плаќаат пензиските придонеси и немале право на пензиско осигурување туку на социјална помош. Додека лицето не го исполнело тој услов (шеесет и три години за жени и шеесет и пет години за мажи), социјалната безбедност се обезбедувала во форма на социјална помош. По достигнувањето на пропишаната возраст, секој што немал право на пензија или чија пензија била прениска се стекнувал со правото на поддршка на приходот или минимум пензиска поддршка. Странци со дозвола за постојан престој што живееле во Словенија исто така можеле да добијат право на минимална пензиска поддршка. Месечниот праг на приход врз основа на кој се утврдувал прагот да се добие минимална пензиска поддршка бил утврден на 460 евра.
64. Како заклучок, од една страна, лицата што немале приходи или имот што достигал или надминувал 460 евра а кои ги исполнувале и другите соодветни услови можеле да се стекнат со правото на минимум пензиска поддршка. Од друга страна , жалителите немале право на пензиски права, спротивно на она што го тврделе.
(г) Поединечни жалители
(i) Г-дин Мустафа Куриќ
65. Што се однесува до социјалната помош, Владата забележа дека г-динот Куриќ бил вработен до почетокот на 2000 г., факт потврден од податоците обезбедени од Заводот за здравствено осигурување. Меѓутоа, тој не ги плаќал задолжителните социјални придонеси меѓу 1992 и 2000 година. Нивото на неговите приходи посочувале дека тој немало да има право на социјална помош до 1 јули 1999 г., но потенцијално ќе имал право на таква помош после тој датум до добивањето на дозволата за постојан престој; тој потенцијално ќе имал право на износ од 29.479,09 евра.
66. Владата беше подготвена да му плати на жалителот 8.843,73 евра во овој дел.
(ii) Г-а Ана Мезга
67. Што се однесува до социјалната помош, Владата забележа дека жалителката, г-ата Мезга, останала без работа на 30 ноември 1992 г. и потенцијално ќе имала право на социјална помош откако престанала да ја добива помошта за невработени. Дополнително, партнерот на жалителката и нејзините две помали деца што живееле во Словенија примале социјална помош од 1999 г. За тој период таа ќе имала право на социјална помош како член на нивното семејство. Според пресметките на Министерството, земајќи ги во предвид различните социјални режими, жалителката, г-ата Мезга, потенцијално ќе имала право на износ од 35.359,94 евра.
68. Владата беше подготвена да ѝ плати на жалителката 10.607,98 евра по овој основ.
(iii) Г-дин Трипун Ристановиќ
69. Што се однесува до социјалната помош, Владата изнесе дека жалителот, г-динот Ристановиќ, кој што живеел во Србија низа години пред да се врати во Словенија (види параграфи 132-133 од главната пресуда), во контекст на релевантните критериуми, потенцијално ќе имал право на 17.404,25 евра.
70. Владата беше подготвена да му плати на жалителот 5.112,08 евра по овој основ.
(iv) Г-дин Али Бериша
71. Што се однесува до социјалната помош, Владата тврдеше дека жалителот, г-динот Бериша добивал слична помош и од германските власти. На барање на словенечките власти, надлежните германски власти потврдиле дека жалителот добивал социјална помош уште од 1998 г., освен во периодот меѓу 2001 и 2005 година и во 2006 година, како и дека добивал пари од различни извори уште од 1991 г. за пензиско осигурување без да ги посочат износите и засегнатите периоди. Врз основа на податоците достапни на Министерството, жалителот ќе имал право на износ од 3.790,43 евра за него самиот и 2.653,30 за неговата сопруга, за периодот додека живеел во Центарот за азил во Словенија (види параграф 147 од главната пресуда).
72. Што се однесува до детскиот додаток жалителот ќе имал право на 8.625,33 евра за неговите пет деца,
73. Жалителот оттука потенцијално би имал право на вкупен износ од 15.069,06 евра за социјална помош и детски додаток.
74. Владата беше подготвена да му плати на жалителот 4.520,72 евра по овој основ.
(v) Г-дин Илфан Садик Адеми
75. Што се однесува до социјалната помош, со оглед на фактот дека ќерката на жалителот, г-динот Адеми, изјавила во текот на управните постапки дека тој примал социјална помош од германските власти, Владата тврдеше дека тој немал право на никаква социјална помош. Словенечките власти побарале информации од надлежниот германски центар за социјална помош, но тој не им одговорил. Сепак, според доставените податоци од германските власти за пензиско осигурување, жалителот бил вработен во Германија во 2003 г. и во 2004 г., а примал помош за невработени во 2005 г.
76. Владата не беше подготвена да му плати на жалителот ништо по овој основ.
(vi) Г-дин Зоран Миниќ
77. Што се однесува до социјалната помош, според податоците достапни на Владата, жалителот г-динот Миниќ бил вработен во Подуево (Србија, сега Косово) од 26 февруари 1992 г. до 6 април 1999 г. (види параграф 176 од главната пресуда). Оттука немал право на социјална помош за тој период. За преостанатиот период потенцијално ќе имал право на 31.463,38 евра.
78. Владата беше подготвена да му плати на жалителот 9.439,02 евра по овој основ.
3. Одлука на Судот
(а) Општи принципи
79. Големиот судски совет повторува дека пресудата во која Судот утврдува повреда ѝ наметнува на тужената држава правна обврска да стави крај на прекршувањето и да ги поправи последиците од истата на начин што ќе овозможи враќање во првобитната состојбата пред прекршокот во рамките на можностите.
80. Земјите договорнички коишто се странки во еден случај во принцип се слободни да ги изберат средствата за придржување кон пресудата со која Судот утврдил повреда. Ова дискреционо право во однос на начинот на извршување на пресудата ја отсликува слободата на избор што се дава на примарната обврска на земјите договорнички согласно Конвенцијата за обезбедување на гарантираните права и слободи (член 1). Доколку природата на повредата дозволува restitutio in integrum, тужената држава треба да го спроведе тоа, при што Судот нема ниту овластување ниту практична можност да го стори тоа самиот. Доколку, од друга страна, националните закони не дозволуваат - или дозволуваат само делумно – да се даде репарација, членот 41 го овластува Судот да ѝ додели на оштетената странка таков надоместок за кој тој ќе смета дека е соодветен (види, меѓу многуте извори, Papamichalopoulos and Others v. Greece (поранешен член 50), 31 October 1995, § 34, Series A no. 330‑B; Iatridis (правичен надоместок), цитиран горе, §§ 32-33; и Guiso-Gallisay v. Italy (правичен надоместок) [GC], no. 58858/00, § 90, 22 December 2009).
81. Што се однесува до побарувањата на жалителите за материјална загуба, судската пракса на Судот има утврдено дека мора да постои јасна причинско последична врска меѓу отштетата што се бара од жалителите и повредата на Конвенцијата. Во соодветни случаи, ова може да вклучува и надоместок во однос на загубата на приходи (види, меѓу другите извори, Barberà, Messegué and Jabardo v. Spain (поранешен член 50), 13 June 1994, §§ 16-20, Series A no. 285‑C, and Çakıcı v. Turkey [GC], no. 23657/94, § 127, ECHR 1999‑IV).
82. Прецизната пресметка на износите потребни за репарација (restitutio in integrum) за паричната загуба што ја претрпеле жалителите може да биде невозможна заради суштински несигурниот карактер на штетата што произлегла од повредата (види, mutatis mutandis, Young, James and Webster (поранешен член 50), цитиран горе, § 11). Но сепак можат да се доделат средства без разлика на големиот број на непресметливи ставки вклучени во проценката на загубите во иднина, иако колку повеќе време поминува, толку понесигурна е врската меѓу повредата и штетата. Прашањето за кое треба да се одлучи во таквите случаи е нивото на правичен надоместок, како во однос на паричните загуби во минатото така и во однос на паричните загуби во иднина, а кој треба да му се додели на секој жалител поединечно, прашање за кое треба Судот да одлучи по свое видување, имајќи на ум што би било правично (види, mutatis mutandis, The Sunday Times (no. 1) (поранешен член 50), цитиран горе § 15; Smith and Grady (правичен надоместок), цитиран горе, §§ 18-19, ECHR 2000-IX; Z and Others v. the United Kingdom [GC], no. 29392/95, §§ 119-120, ECHR 2001‑V; и Centro Europa 7 S.r.l. and Di Stefano v. Italy [GC], no. 38433/09, §§ 218-222, ECHR 2012).
(б) Примена на овие принципи во актуелниот случај
83. Големиот судски совет во главната пресуда одлучи дека жалителите, кои пред прогласувањето на независноста на Словенија, законски живееле во Словенија неколку години како државјани на поранешната СФРЈ, уживале широк опсег на социјални и политички права. Како резултат на „бришењето“ од 26 февруари 1992 г. од евиденцијата на лица со постојан престој, со што биле лишени од својот правен статус, тие искусиле низа негативни последици, како што се уништување на лични документи, губење на можности за вработување, губење на здравствено осигурување, неможност за обновување на личните документи или возачки дозволи и проблеми со регулирање на пензиските права.
84. Големиот судски совет исто така нагласи дека жалителите, кои не поседувале никакви словенечки документи за идентификација како резултат на „бришењето“ биле оставени во законски вакуум и оттука во една ситуација на ранливост, правна несигурност и небезбедност, во подолг временски период, кој достигнал речиси дваесет години за сите нив. Судот ја нагласил тежината на последиците од „бришењето“ за нив (види параграфи 267, 302-303, 356 и 412 од главната пресуда).
85. Уставниот суд одлучил дека во својата референтна одлука од 3 април 2003 г. статусот на лице со постојан престој бил важен аспект на поврзување на барањата на одредени права и законските бенефиции како што се воените пензиски права, социјалната помош и обновата на возачките дозволи, кои „избришаните“ не можеле да ги побараат заради нерегулираната правна состојба (види параграфи 59 и 215 од главната пресуда).
86. Според гледиштето на Големиот судски совет јасно е дека загубата на правниот статус како таков кој произлегува од „бришењето“ вклучувало значителни материјални последици за сите жалители, вклучително и загубата на пристап до широк опсег на социјални и политички права и законски бенефиции, како што се лични документи за идентификација, возачки дозволи, здравствено осигурување и образование, како и загуба на работното место и други можности, додека да добијат дозволи за постојан престој (види параграфи 59, 215, 302 и 356 од главната пресуда).
87. Големиот судски совет во врска со ова забележува дека и жалителите и Владата ја нагласиле значителната тешкотија во актуелниот случај за правење на прецизна проценка на материјалната штета што ја претрпеле жалителите како резултат на „бришењето“, заради суштински несигурниот карактер на неговите последици и изминатото време од времето кога тоа се случило (види, mutatis mutandis, Lustig-Prean and Beckett v. the United Kingdom (правичен надоместок), nos. 31417/96 and 32377/96, § 22, 25 July 2000, и Lallement v. France (правичен надоместок), no. 46044/99, §§ 16-17, 12 June 2003). Странките се согласија по ова прашање (види параграфи 31-32 и 53-54 горе).
88. Големиот судски совет не може а да не се согласи со претпоставката на странките дека прецизната пресметка на сумите што се потребни за целосна репарација (restitutio in integrum) во однос на паричните загуби претрпени од страна на жалителите може да биде невозможна заради суштински несигурниот карактер на штетата што произлегла од повредата (види, Young, James and Webster (поранешен член 50), цитиран горе, § 11).
89. Со оглед дека жалителите на 26 февруари 1992 г. биле избришани од евиденцијата на лицата со постојан престој без претходно да бидат известени и дека дознале за „бришењето“ случајно (види параграфи 29 и 343 од Главната пресуда), Големиот судски совет смета дека постои повеќеслојна причинско-последична врска меѓу незаконската мерка и материјалната штета претрпена од жалителите, а нејзините последици траеле подолго време и имале дополнителни попратни негативни последици. Исто така, последиците од „бришењето“ биле влошени од долгото траење на периодот за време на кој правниот статус на жалителите бил нерегулиран. Оттука, претрпената штета во таа смисла не овозможува прецизна проценка.
90. Соодветно на тоа, прашањето по кое треба да одлучи Големиот судски совет се однесува на правото на жалителите на правичен надоместок - и, доколку е соодветно, износот - за материјалната штета по следниве ставки: социјална помош и додаток за домување, детски додаток и пензиски права, прашање што треба да биде утврдено од Судот по свое видување, имајќи на ум што би било правично (види mutatis mutandis, Z and Others v. the United Kingdom, цитиран горе, §§ 121-122, и Lordos and Others v. Turkey (правичен надоместок), no. 15973/90, §§ 64-70, 10 January 2012).
(в) Загуба на минати приходи
(i) Социјална помош
91. Големиот судски совет забележува дека побарувањата на жалителите во однос на социјалната помош не биле оспорени во принцип од страна на Владата. Меѓутоа, тие го оспорија правото на некои од жалителите за периоди кога тие работеле, или примале бенефиции за невработени или бидејќи се чинело дека живееле во странство и добивале социјална помош или работеле таму. Владата исто така ги оспори и износите што се бараа во овој дел (види параграфи 56 и 65-78 горе).
92. Големиот судски совет забележува дека „бришењето“ на имињата на жалителите довело до повредите утврдени од Судот во главната пресуда и во однос на што се прави проценката на материјалната штета. Тој утврди дека не е можно да се шпекулира за тоа каква ќе била или можела да биде ситуацијата на жалителите доколку не се случило „бришењето“. Особено, не е можно да се утврди дали некои од жалителите ќе продолжиле да живеат или работат во Словенија доколку не биле „избришани“ и во отсуство на доволно докази од другата страна, Големиот судски совет ќе претпостави дека жалителите ќе продолжеле да живеат во Словенија доколку го задржеле својот правен статус таму. Ниту пак е можно врз основа на материјалот обезбеден за Судот да се процени дали сумите исплатени на жалителите како плата или како бенефиции надвор од земјата ќе ги надминеле или ќе биле исти со оние што ги изгубиле во Словенија како резултат на „бришењето“. Секако, од документите што му беа на располагање на Судот не се чини дека жалителите на неправичен начин се збогатиле преку други извори на приходи во кои можеле да уживаат а што би можело да резултира со ослободување на тужената Влада од нејзината обврска за надоместување на паричната загуба што ја претрпеле жалителите со тоа што биле лишени од социјална помош.
93. Во овие околности Големиот судски совет одлучи дека сите жалители треба да добијат надоместок во однос на загубената на социјалната помош што ја претрпеле заради „бришењето“ на нивните имиња.
94. Како заклучок, одлучувајќи врз основите договорени од страните, Големиот судски совет на секој жалител ќе му додели износ согласно оваа ставка како што е специфицирано долу (види под „Поединечни жалители“, параграфи 110-115 долу).
(ii) Додаток за домување
95. Големиот судски совет забележува дека, според изјаснувањето на Владата, жалителите немале право на додаток за домување бидејќи од сите жалители само г-динот Куриќ имал „специјално заштитено станарско право“ за неговиот стан пред октомври 1991 г., а дури ни тој не поднел барање согласно релевантното законодавство. Во секој случај, Владата забележа дека од 14 октомври 2003 г. додатокот за домување бил условен од поседување на словенечко државјанство, услов што не бил исполнет од ниеден од жалителите (види параграф 57 горе). Жалителите го оспориле условот за „специјално заштитено станарско право“ согласно Законот за социјална безбедност од 1992 г., без да обезбедат некакво дополнително појаснување. Што се однесува до државјанството воведено со Законот за домување од 2003 г., жалителите изјавиле дека доколку не биле „избришани“ до тој датум ќе имале добиено словенечко државјанство (види параграф 40 горе).
96. Големиот судски совет не може да шпекулира дали жалителите ќе добиеле словенечко државјанство доколку не биле „избришани“ од Евиденцијата на лица со постојан престој. Тој одлучи дека нема сомнеж за странките дека жалителите немале да имаат право на додаток за домување согласно Законот за домување од 2003 г. Исто рака, жалителите не успеале да докажат дека ќе ги исполнеле условите согласно претходното законодавство.
97. Соодветно на тоа, Големиот судски совет не им доделува средства на жалителите по овој основ.
(iii) Детски додаток
98. Што се однесува до детскиот додаток што го бараа жалителите г-ата Мезга и г-динот Бериша за своите деца, Големиот судски совет забележува дека Владата тврдела дека г-ата Мезга немала право на тоа со оглед дека нејзините две постари деца во Хрватска биле згрижени во семејство на хранители, и го оспори правото на г-динот Бериша во однос на неговите пет деца за одредени периоди (види параграфи 59-60 горе). Жалителите тврдеа дека надоместокот треба да се додели по овој основ и на двата жалители во прашање (види параграфи 41-43 горе).
99. Големиот судски совет забележува дека семејствата кои добивале социјална помош имаат право согласно релевантното словенечко законодавство да бараат детски додаток (види параграф 58 горе). Тоа се однесува на наодот дека сите жалители треба да добијат надоместок за нивната неможност да добијат социјална помош како резултат на губење на правниот статус per se, без разлика на специфичните лични околности врз основа на кои можеби нема да имале право на бенефиции согласно законот на сила (види параграфи 92-94 горе). Ова особено важи ако децата морале да останат во странство или биле разделени од своите родители како последица од „бришењето“. Големиот судски совет забележува во врска со ова дека изменетиот и дополнет Закон за правниот статус на децата на „избришаните“ (види параграфи 16 и 28 горе, како и параграф 77 од главната пресуда).
100. Оттука, според гледиштето на Големиот судски совет, жалителката, г-ѓата Мезга, има право на надоместок за нејзините две постари деца, а жалителот г-динот Бериша за неговите пет деца со износот утврден долу (види параграфи 111 и 113 долу).
(г) Загуба на идни приходи
Права на пензија
101. Што се однесува на загубата на идни приходи во врска со правото на пензија жалителите се изјаснија дека тие барале надоместок за придонесите кои не можеле да ги уплатат за пензиско осигурување поради што немале право на пензија во согласност со националното законодавство. Меѓутоа, тие тврдеа дека било можно да се утврди нивната минимална загуба на идни приходи упатувајќи на минималната пензија на која ќе имале право (види параграфи 44-45 горе).
102. Владата тврдеше дека побарувањата на жалителите во однос на социјалната помош спречувале секакво барање за загуба на идни приходи и нагласи дека невработените лица немале право на пензиско осигурување туку на социјална заштита. Имено кога ќе ја достигнеле потребната возраст (шеесет и три години за жените и шеесет и пет за мажите), таквите лица – вклучително и странците коишто живеат во Словенија со дозвола за постојан престој – имале право на минимум пензиска поддршка, под услов нивните приходи да не го надминуваат минималниот износ, утврден на 460 евра (види параграфи 61-64 горе).
103. Големиот судски совет го прифаќа аргументот на Владата дека доделувањето на побарувањата на жалителите во однос на социјалната помош спречува секакво побарување за загуба на иден приход во однос на правото на пензија.
104. Оттука, Големиот судски совет ги отфрла овие побарувања.
105. Меѓутоа, тој ќе ја има на ум изјавата на Владата дека странците со дозвола за постојан престој што живеат во Словенија можат да се стекнат со право на минимум пензиска поддршка откако ќе ја достигнат возраста на која стекнуваат право на пензија и дека ова во принцип се однесува и на жалителите доколку ги исполнат законските услови (види параграфи 63-64 горе).
(д) Поединечни жалители
106. Големиот судски совет повторува дека одлучил на секој од жалителите да му додели надоместок за социјалната помош (види параграф 94 горе).
107. Жалителите бараа надоместок за материјалната штета што ја претрпеле од 26 февруари 1992 г., кога биле „избришани“ од евиденцијата на лица со постојан престој, до нивното стекнување на дозволи за постојан престој (види параграф 34 горе).
108. Меѓутоа, Големиот судски совет забележа дека Конвенцијата во однос на Словенија стапила на сила на 28 јуни 1994 г. Вршејќи проценка на правична основа и земајќи ги во предвид околностите на кои се упатува горе, Судот смета дека е разумно да се доделат следниве износи, врз основа на различното траење на периодот додека жалителот бил „избришан“, од 28 јуни 1994 г. до датумот на кој нивниот статус конечно бил обновен, помножено со месечен паушален износ од 150 евра (види, mutatis mutandis, Centro Europa 7 S.r.l. and Di Stefano, цитиран горе, §§ 220 и 222).
109. Големиот судски совет исто така ќе ги додели и сумите посочени долу (види параграфи 111 и 113 долу) на жалителите, г-ата Мезга и г-динот Бериша, за нивните деца, врз основа на различното време поминато од стапувањето на сила на Конвенцијата во однос на Словенија – или, од раѓањето на детето – до моментот кога детето станало полнолетно или до регулирањето на правниот статус на жалителите, поможено со месечен паушален износ од 80 евра. Меѓутоа, не смета дека е соодветно да ѝ додели какво било правичен надоместок на сопругата на г-динот Бериша, бидејќи таа можела лично да поднесе поднесок до Судот во сопствено име.
(i) Г-дин Мустафа Куриќ
110. Жалителот, г-динот Куриќ останал без правен статус од 28 јуни 1994 до 2 ноември 2010 г. (шеснаесет години, четири месеци и девет дена), односно 196 полни месеци.
Последователно Големиот судски совет му доделува износ од 29.400 евра.
(ii) Г-а Ана Мезга
111. Жалителката, г-ата Мезга, останала без правен статус од 28 јуни 1994 до 1 март 2011 г. (шеснаесет години, осум месеци и седум дена), односно 200 полни месеци. Последователно Големиот судски совет ѝ доделува износ од 30.000 евра за социјална помош.
Паричен надоместок за ќерката на жалителката Инес ќе ѝ се исплати за периодот од 28 јуни 1994 до 22 ноември 2001 г., кога наполнила 18 години (седум години, четири месеци и дваесет и седум дена; осумдесет и осум полни месеци); за ова износот е 7.040 евра.
Паричен надоместок за синот на жалителката Енес ќе ѝ се исплати за периодот од 28 јуни 1994 до 26 април 2010 г., кога наполнил 18 години (петнаесет години, десет месеци и два дена; 190 полни месеци); за ова износот е 15.200 евра.
Последователно Големиот судски совет ѝ доделува износ од вкупно 52.240 евра за материјална штета.
(iii) Г-дин Трипун Ристановиќ
112. Жалителот, г-динот Ристановиќ, останал без правен статус од 28 јуни 1994 до 10 март 2011 г. (шеснаесет години, осум месеци и петнаесет дена), односно 200 полни месеци.
Последователно Големиот судски совет му доделува износ од 30.000 евра.
(iv) Г-дин Али Бериша
113. Жалителот г-динот Бериша останал без правен статус од 28 јуни 1994 до 19 октомври 2010 г. (шеснаесет години, три месеци и дваесет и пет дена), односно 195 полни месеци. Последователно Големиот судски совет му доделува износ од 29.250 евра за социјална помош.
Паричен надоместок за синот на жалителот Дем ќе му се исплати за периодот од 29 декември 1997 г. до 19 октомври 2010 г., кога жалителот добил дозвола за престој (дванаесет години, девет месеци и дваесет и три дена; 153 полни месеци); за ова износот е 12.240 евра.
Паричен надоместок за синот на жалителот Егзон ќе му се исплати за периодот од 13 јули 1999 г. до 19 октомври 2010 г. (единаесет години, три месеци и десет дена; 135 полни месеци); за ова износот е 10.800 евра.
Паричен надоместок за ќерката на жалителот Егзона ќе му се исплати за периодот од 29 март 2001 г. до 19 октомври 2010 г. (девет години, шест месеци и дваесет и три дена; 114 полни месеци); за ова износот е 9.120 евра.
Паричен надоместок за синот на жалителот Хаџи ќе му се исплати за периодот од 9 февруари 2003 г. до 19 октомври 2010 г. (седум години, осум месеци и единаесет дена; деведесет и два полни месеци); за ова износот е 7.360 евра.
Паричен надоместок за синот на жалителот Валон ќе му се исплати за периодот од 28 јули 2006 г. до 19 октомври 2010 г. (четири години, два месеци и дваесет и три дена; педесет полни месеци); за ова износот е 4.000 евра
Последователно Големиот судски совет му доделува на жалителот вкупен износ од 72.770 евра за материјална штета.
(v) Г-дин Илфан Садик Адеми
114. Жалителот, г-динот Адеми, останал без никаков правен статус од 28 јуни 1994 до 20 април 2011 г. (шеснаесет години, девет месеци и дваесет и шест дена), односно 201 полн месец.
Последователно Големиот судски совет му доделува износ од 30.150 евра.
(vi) Г-дин Зоран Миниќ
115. Жалителот, г-динот Миниќ, останал без никаков правен статус од 28 јуни 1994 до 4 мај 2011г. (шеснаесет години, десет месеци и десет дена), односно 202 полни месеци
Последователно, Големиот судски совет му доделува износ од 30.300 евра.
Б. Трошоци и издатоци
1. Изјаснување на жалителите
(а) Домашни управни постапки
116. Жалителите бараа рефундирање на трошоците што ги имале во домашните управни постапки, како за дозволите за постојан престој така и за државјанството. Овој износ треба да се состои од реалните трошоци познати на Владата или, доколку не се успее во тоа паушален износ од 200 евра по жалител. Самите жалители веќе не поседувале доказ за плаќањата.
(б) Постапки пред Судот
117. Конечно, жалителите бараа целосно рефундирање во износ од 11.190,00 евра плус данок на додадена вредност (ДДВ) и дополнителните такси (14.081,49 евра) од трошоците и издатоците што разумно настанале во постапките пред Големиот судски совет по доставувањето на главната пресуда. Тие посочија дека со оглед на вонредните околности на случајот и крајно сиромашните услови на живот на жалителите, нивните застапници се согласиле да им дадат правни услуги без да бараат од жалителите да преземат каков било финансиски товар однапред, и го задржале правото да бараат рефундирање директно пред Судот од тужената Влада (упатување на M.S.S. v. Belgium and Greece [GC], no. 30696/09, §§ 412-414, ECHR 2011).
2. Изјаснување на тужената Владата
(а) Домашни управни постапки
118. Владата прифати дека жалителите морале да ги платат трошоците во административните постапки согласно Законот за правен статус и изменетиот и дополнет закон за правен статус и имале право да им се рефундираат издатоците доколку реално платиле за нив. Тие го оспорија паушалниот износ од 200 евра по жалител.
Меѓутоа, жалителите немале право на рефундирање за трошоци што настанале за административните постапки поврзани со државјанството. Немало никаква причинско-последична врска меѓу поднесувањето на барање за државјанство и повредите на Конвенцијата што биле утврдени.
119. Врз основа на материјалот што ѝ бил на располагање на Владата, четворица од жалителите имале право на рефундирање на трошоците кои реално настанале во домашните управни постапки поврзани со дозволите за постојан престој.
120. Особено, жалителката, г-ата Мезга, имала право на износ од 29.47 евра, жалителот г-динот Ристановиќ на износ од 79,87 евра, жалителот г-динот Адеми на износ од 86,77 евра и жалителот г-динот Миниќ на износ од 143,31 евра.
(б) Постапки пред Судот
121. Владата го оспори дополнителниот износ што го бараа жалителите за трошоци и издатоци за постапките пред Судот. Законот за адвокатска тарифа (Zakon o odvetniški tarifi, Службен весник, бр. 67/08) што бил на сила во Словенија за постапките пред Судот уредувал дека застапникот имал право на износ меѓу 500 и 1.500 евра.
122. Делот од побарувањето поврзано со ДДВ исто така бил под знак прашање. Фактурата од застапниците на жалителите со датум од 31 јули 2012 г. кога Република Словенија го платила надоместокот за нематеријална штета не наведувала никаква обврска за плаќање на ДДВ туку само 4% данок за Адвокатскиот пензиски фонд (АПФ). Оттука, застапниците на жалителите немале право на трошоци во однос на ДДВ.
3. Одлука на Судот
(а) Домашни управни постапки
123. Што се однесува со побарувањата на жалителите за трошоците што настанале во домашните административни постапки, Големиот судски совет забележува дека жалителите се потпирале на информации на располагање на Владата што се однесува на трошоците што реално настанале. Од друга страна тие барале паушален износ од 200 евра по жалител.
124. Големиот судски совет забележува дека во последните поднесоци тужената Влада обезбедила точни цифри за трошоците кои навистина ги имале четворица од жалителите во постапките по нивното барање за дозволи за постојан престој. Последователно, тој додели 29.47 евра за жалителката, г-ата Мезга, 79.87 евра за жалителот г-динот Ристановиќ, 86.77 евра за жалителот г-динот Адеми и 143.31 евра за жалителот г-динот Миниќ под оваа ставка. Исто така Големиот судски совет ги одбива побарувањата поврзани со постапките за државјанство по основ дека вториве не биле покренати за да се спречи или да се поправи повредата на Конвенцијата што била утврдена.
125. Сè на сè Големиот судски совет додели 339.42 евра за трошоци што настанале во домашните управни постапки за жалителите г-ата Мезга, г-динот Ристановиќ, г-динот Адеми и г-динот Миниќ.
(б) Постапки пред Судот
126. Големиот судски совет забележува дека во главната пресуда на жалителите им било доделена вкупна сума од 30,000 евра за трошоците и издатоците што настанале до фазата на постапките пред Судот (види точка 11 од оперативниот дел и параграф 427 од главната пресуда).
127. Што се однесува до прашањето за ДДВ посочено од Владата Големиот судски совет повторува дека, доколку е потребно, Судот доделува средства за трошоци и издатоци за рефундирање на суми кои жалителите морале да ги имаат за да се спречи повреда, а кои ги утврдува Судот и (доколку е потребно) да добијат правичен надоместок – по пресудата во нивна корист – било од надлежните национални власти или, кога одговара, од Судот (види Neumeister v. Austria (former Article 50), 7 May 1974, § 43, Series A no. 17; König v. Germany (former Article 50), 10 March 1980, § 20, Series A no. 36; и Scordino v. Italy (no. 1) [GC], no. 36813/97, § 284, ECHR 2006‑V). Таквите трошоци и издатоци честопати се предмет на оданочување; на пример, мнозинството од високите договорни страни наплаќаат данок на додадена вредност (ДДВ) за одредени стоки и услуги. Кога се работи за услуги на адвокати, преведувачи и други стручни лица, иако данокот се плаќа на државата од страна на овие професионалци, сепак им се наплаќа на жалителите и во крајна линија тие се оние што го плаќаат. Жалителите треба да бидат заштитени од овие дополнителни трошоци. Од овие причини стриктно, во оперативниот дел од своите пресуди Судот упатува дека секој данок што може да им се наплати на жалителите треба да се додаде на сумите што се доделуваат за трошоци и издатоци (види Association Les Témoins de Jéhovah v. France (правичен надоместок), no. 8916/05, § 37, 5 July 2012).
128. Според судската пракса на Судот еден жалител има право на рефундирање на своите трошоци и издатоци само доколку покажел дека истите настанале реално и неопходно и биле разумни во однос на износот (види, на пример, Maktouf and Damjanović v. Bosnia and Herzegovina [GC], nos. 2312/08 and 34179/08, § 94, ECHR 2013 (извадоци)).
129. Во актуелниов случај, земајќи ги во предвид документите што ги поседуваше и горенаведените критериуми, Големиот судски совет смета дека е разумно да додели 5.000 евра за оваа ставка за сите жалители заедно за постапките по усвојувањето на главната пресуда.
В. Казнена камата
130. Судот смета дека е соодветно казнената каматна стапка да се заснова на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
II. ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
131. Членот 46 од Конвенцијата уредува, што се однесува до релевантноста:
„1. Високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечната пресуда на Судот во споровите во кои се странки.
2. Конечната пресуда на Судот му се доставува на Комитетот на министрите којшто го надгледува нејзиното извршување.“
...”
а. Општи принципи
132. Големиот судски совет повторува дека членот 46 од Конвенцијата, како што е толкувана во контекст на членот 1, ѝ наметнува на тужената држава законска обврска да ги примени, под надзор на Комитетот на министри, соодветните општи и/или поединечни мерки за да се обезбеди правото на жалителите за кои Судот утврдил дека било повредено. Такви мерки исто така мора да се преземат и за други лица кои се наоѓаат во иста позиција со жалителите, имено преку решавање на проблеми што довеле до наодите на Судот (види Scozzari and Giunta v. Italy [GC], nos. 39221/98 and 41963/98, § 249, ECHR 2000-VIII; Lukenda, цитиран горе, § 94; и S. and Marper v. the United Kingdom [GC], nos. 30562/04 and 30566/04, § 134, ECHR 2008). Комитетот на министри постојано ја нагласува обврската во надзорот на извршувањето на пресудите на Судот (види, на пример, Interim Resolutions DH(97)336 во случаи поврзани со времетраењето на постапките во Италија; DH(99)434 во случаи поврзани со акциите на безбедносните сили во Турција; ResDH(2001)65 во случајот на Scozzari and Giunta v. Italy; и ResDH(2007)75 за случаите поврзани со времетраењето на притворот во Полска).
133. За да се олесни делотворната примена на своите пресуди во овој контекст, Судот може да усвои постапка за пилот пресуда дозволувајќи си јасно да го идентификува во пресудата постоењето на структурни проблеми во основата на повредите и да посочи специфични мерки или активности што треба да се преземат од страна на тужената држава за да ги поправат истите (види Broniowski v. Poland [GC], 31443/96, §§ 189-194 и оперативниот дел, ECHR 2004-V, и Hutten-Czapska v. Poland [GC] no. 35014/97, §§ 231-239, ECHR 2006‑VIII). Меѓутоа овој судски пристап се применува притоа посветувајќи соодветно внимание на ценетите функции на институциите на Конвенцијата: ова потпаѓа под Комитетот на министри за да го процени спроведувањето на поединечните и општите мерки согласно членот 46 § 2 од Конвенцијата (види, mutatis mutandis, Broniowski (пријателска спогодба), цитиран горе, § 42, и Hutten‑Czapska (пријателска спогодба), цитиран горе, § 42).
134. Друга важна цел на процедурата на пилот пресудата е да се дозволи доделување на најбрзо можно обесштетување на домашно ниво на големиот број на лица што страдале од општиот проблем идентификуван во пилот пресудата, на тој начин спроведувајќи го принципот на супсидијарност којшто е во сржта на системот на Конвенцијата (види Russia (no. 2), no. 33509/04, §§ 127 and 142, ECHR 2009, и Greens and M.T. v. the United Kingdom, nos. 60041/08 and 60054/08, § 108, ECHR 2010 (извадоци)). Оттука може да се одлучи во процедурите на пилот пресудата во сите случаи што произлегуваат од истиот проблем да бидат одложени во исчекување на спроведувањето на релевантните мерки од страна на тужената држава.
135. Понатаму, не може да се отфрли дека дури и пред некоја – или некоја адекватна – општа мерка да биде усвоена од тужената држава во извршувањето на пилот пресуда за основаноста (член 46 од Конвенцијата), Судот може да ја избриши „пилот“ примената на пресудата по основ на пријателска спогодба (член 37 § 1 (б) и член 39) или да му додели правичен надоместок на жалителот (член 41) (види Broniowski (пријателска спогодба), цитиран горе, § 36, и Hutten-Czapska (пријателска спогодба), цитиран горе, § 34).
136. Доколку пак тужената држава го одложи спроведувањето на општите мерки вон разумното време (види Broniowski (основаност), цитиран горе, § 198), го остави проблемот нерешен и продолжи да ја повредува Конвенцијата, Судот нема да има избор да продолжи да ги испитува сите слични жалби кои чекаат пред него и да донесе пресуда по нив за да го поттикне процесот на извршување пред Комитетот на министри и да обезбеди придржување кон Конвенцијата на домашно ниво (види, mutatis mutandis, E.G. and Others v. Poland (dec.), no. 50425/99, § 28, ECHR 2008 (извадоци)).
Б. Оценка на Судот
137. Големиот судски совет забележува дека во главната пресуда во актуелниов случај тој одлучи да ја примени процедурата на пилот пресуда согласно членот 46 од Конвенцијата и Правилото 61 од Деловникот на Судот и ѝ наложи на тужената држава, како општа мерка да воспостави ад хок домашна шема за надоместок во рок од една година од усвојувањето на актуелната пресуда – односно не подоцна од 26 јуни 2013 г. – за да обезбеди соодветно обесштетување на „избришаните“ на национално ниво (види параграф 7 горе и точка 9 од оперативниот дел и параграф 415 од општата пресуда).
138. Тој забележува дека тужената Влада не успеала да воспостави ад хок домашна шема за надоместок до 26 јуни 2013 г., кога истекла едната година утврдена во главната пресуда. Меѓутоа не беше оспорено од тужената држава дека општите мерки на национално ниво биле барани за да се обезбеди соодветно спроведување на пресудата во случајот на Куриќ и други, проширувајќи ја подалеку од чистите интереси на поединечните жалители и барајќи да бидат преземени во интерес на други потенцијално погодени „избришани“ лица (види параграф 6 горе и параграф 29, 408, 409 и 412 од главната пресуда).
139. Во овој контекст Големиот судски совет соодветно го зеде во предвид фактот дека на 25 јули 2013 г. Владата го испратила предлог законот за воспоставување на ад хок шема за надоместок до Парламентот. Предлог законот бил усвоен на 21 ноември 2013 г. со неколку амандмани. Овој Закон бил објавен во Службен весник на 3 декември 2013 г. и стапил на сила на 18 декември 2013 г. Ќе почне да се применува на 18 јуни 2014 г. (види параграф 20 горе).
140. Овој закон ќе воведе надоместок врз основа на паушален износ за секој месец од периодот додека биле „избришани“ и можност за барање на дополнителен надоместок согласно општите правила на Законикот за облигации (види параграф 20-27 горе). Во вонредните околности од актуелниот случај, основното решение за доделување на паушална сума за нематеријалната и материјалната штета претрпена од „избришаните“ – што е пристапот заземен од Големиот судски совет во однос на материјалната штета во актуелната пресуда (види параграфи 106-109 горе) и во однос на нематеријалната штета во главната пресуда (види параграф 425 таму) – се чини дека е соодветно.
141. Големиот судски совет забележува во врска со ова дека според начелото на супсидијарност и маргината на дискреционото право која оди напоредно со него, износите за надоместок доделени на национално ниво на други лица кои биле погодени во контекст на општите мерки согласно членот 46 од Конвенцијата зависат од одлуката на тужената држава под услов да се компатибилни со пресудата на Судот кој што ги побарал тие мерки (види, mutatis mutandis, Verein gegen Tierfabriken Schweiz (VgT) v. Switzerland (no. 2) [GC], no. 32772/02, § 88, ECHR 2009).
142. Согласно членот 46 од Конвенцијата Комитетот на министри ќе треба да ги процени општите мерки усвоени од Република Словенија и нивната примена што се однесува до надзорот на извршувањето на главната пресуда на Судот. Судот доследно носи одлуки дека нема јуриздикција да потврди, преку упатување на членот 46, дали земјата договорничка се придржува на обврските наметнати од некоја од пресудите на Судот освен ако не се применува членот 46 § 4 од Конвенцијата како што стои од стапувањето на сила на Протоколот бр. 14 (види Hutten-Czapska (пријателска спогодба), цитиран горе, § 43; Akdivar and Others v. Turkey (поранешен член 50), 1 April 1998, § 44, Reports of Judgments and Decisions 1998‑II; Verein gegen Tierfabriken Schweiz (VgT), цитиран горе, §§ 83-90; и The United Macedonian Organisation Ilinden – PIRIN and Others v. Bulgaria (no. 2), nos. 41561/07 and 20972/08, § 66, 18 October 2011).
143. Конечно, што се однесува до портфолиото на пресуди на Судот, иако во времето на усвојување на главната пресуда само неколку жалби поднесени од „избришаните“ лица чекале пред Судот, Големиот судски совет нагласи дека во контекст на систематски, структурни или слични повреди, потенцијалниот прилив на идни случаи исто така требал да се земе во предвид во насока на спречување на акумулирање на случаи што се повторуваат и одлучи дека разгледувањето на други слични жалби треба да се одложи во исчекување на усвојувањето на мерки кои треба да го поправат проблемот (види параграф 9 горе и 415 од главната пресуда).
144. Во врска со ова Големиот судски совет забележува дека во моментов има околу шеесет и пет случаи поднесени од „избришаните лица“ пред Судот кои опфаќаат повеќе од 1000 жалители. Оттука многу е важно брзото спроведување на пресудата во случајот Куриќ и други (види, mutatis mutandis, Greens and M.T., цитиран горе, § 111).
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО,
1. Одлучи
(а) дека тужената држава треба да им ги исплати на жалителите во рок од три месеци следниве износи;
(i) 29.400 евра (дваесет и девет илјади и четиристотини евра) на г-динот Куриќ за материјална штета, плус сите даноци коишто можеби ќе треба да ги плати;
(ii) 52.240 евра (педесет и две илјади и двесте и четириесет евра) за г-ата Мезга за материјална штета, плус сите даноци коишто можеби ќе треба да ги плати;
(iii) 30.000 евра (триесет илјади евра) за г-динот Ристановиќ за материјална штета, плус сите даноци коишто можеби ќе треба да ги плати;
(iv) 72.770 евра (седумдесет и две илјади и седумстотини и седумдесет евра) за г-динот Бериша за материјална штета, плус сите даноци коишто можеби ќе треба да ги плати;
(v) 30.000 евра (триесет илјади евра) за г-динот Адеми за материјална штета, плус сите даноци коишто можеби ќе треба да ги плати;
(vi) 30.300 евра (триесет илјади и триста евра) за г-динот Миниќ за материјална штета, плус сите даноци коишто можеби ќе треба да ги плати;
(vii) 339,42 (триста и триесет и девет евра и четириесет и два центи) за г-а Мезга, г-дин Ристановиќ, г-дин Адеми и г-дин Миниќ заедно, да бидат поделени како што е посочено во параграф 124 горе, плус сите даноци коишто можеби ќе треба да ги платат жалителите, за трошоците коишто ги имале во рамките на домашните административни постапки;
(vii) 5.000 евра (пет илјади евра) за сите жалители заедно, плус сите даноци што можеби ќе треба да ги платат жалителите за трошоците и издатоците во постапките пред Судот;
(б) од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата ќе се плаќа проста камата на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка во текот на казнениот период плус три процентни поени;
2. Ги отфрла останатите побарувања на жалителите за правичен надоместок.
Изготвена на англиски и на француски јазик, и доставена на писмено на 12 март 2014 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Мајкл О’БојлДин Шпилман
Заменик секретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2014.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy