© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА КУРИЌ И ДРУГИ против СЛОВЕНИЈА
(Жалба бр. 26828/06)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
26 јуни 2012 год.
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на Куриќ и други против Словенија
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Николас Браца (Nicolas Bratza), претседател,
Жан-Пол Коста (Jean-Paul Costa),
Франсоаз Тилкен (Françoise Tulkens),
Нина Вајиќ (Nina Vajić),
Дин Шпилман (Dean Spielmann),
Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič),
Анатоли Кловер (Anatoly Kovler),
Елизабет Штајнер (Elisabeth Steiner),
Изабел Беро-Лефевр (Isabelle Berro-Lefèvre),
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Јоргос Николау (George Nicolaou),
Луиз Лопез Гера (Luis López Guerra),
Здравка Калајџиева (Zdravka Kalaydjieva),
Небојша Вучиниќ (Nebojša Vučinić),
Гвидо Раимонди (Guido Raimondi),
Гана Јудкивска (Ganna Yudkivska),
Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger), судии,
и Винсент Бергер (Vincent Berger), правен советник,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 6 јули 2011 г. и 11 април 2012 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнува од жалба (бр. 26828/06) против Република Словенија поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на Милан Макуќ, хрватски државјанин и уште десет други жалители, на 4 јули 2006 година. По смртта на г-динот Макуќ случајот беше преименуван во Куриќ и други против Словенија. Осум жалители остануваат пред Големиот судски совет (види во параграф 15 долу).
2. Жалителите беа претставувани пред Судот од г-динот А.Г. Лана и г-динот А. Сакучи, адвокати со пракса во Рим и г-ѓа Балерини и г-дин М. Вано адвокати со пракса во Џенова (Италија).
3. Словенечката влада („Владата“) беше претставувана од нивниот агент, г-динот Л. Бембич, државен правобранител.
4. Согласно членот 8 од Конвенцијата, жалителот тврдеше конкретно дека тие своеволно биле лишени од нивниот статус на лица со постојан престој откако Словенија ја прогласила својата независност во 1991 г. Тие исто така се жалеа согласно членот 13 од Конвенцијата дека не им биле достапни никакви правни лекови во таа насока и дека согласно членот 14 разгледан заедно со членот 8 од Конвенцијата тие биле изложени на дискриминирачко постапување. И конечно, тие се изјаснија дека на нив на своеволен начин им биле скусени нивните пензиски права со што бил прекршен членот 1 од Протоколот бр. 1.
5. Жалбата и била доделена на Третата секција на Судот (Правило 52 § 1 од Деловникот на Судот) која одлучила на 10 ноември 2006 г. под итно да ја извести тужената Влада за истата согласно правилото 40 од Деловникот на Судот и да и додели приоритет согласно Правилото 41.
6. На 31 мај 2007 г. Третата секција во состав од следниве судии: Корнелиу Бирсан (Corneliu Bîrsan), Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič), Елизабет Фура (Elisabet Fura), Алвина Ѓулумјан (Alvina Gyulumyan), Егберт Мијер (Egbert Myjer), Давид Тор Бјоргвинсон (David Thór Björgvinsson) и Инета Зимеле (Ineta Ziemele), како и Сантијаго Кесада (Santiago Quesada), секретар на Секцијата, одлучија да ја известат тужената влада за жалбите согласно членот 8, разгледан поединечно или заедно со членовите 13 и 14 од Конвенцијата и согласно членот 1 од Протоколот бр. 1. Исто така беше одлучено во исто време да се одлучува и во однос на допуштеноста и во однос на основаноста на жалбата (член 29 § 1). Остатокот од жалбата беше прогласена за недопуштена.
7. Исто така беа добиени коментари од трета странка од српската Влада, која го искористи своето право да интервенира (член 36 § 1 од Конвенцијата и правилото 44 § 1 (б)). Забелешки од трета странка исто така беа поднесени и од страна на Здружението за еднакви права, Отворено општество Иницијатива за правда, Мировниот институт – Институтот за современи општествени и политички студии и Правниот информативен центар на невладини организации, на кои им беше дозволено од претседателот да интервенираат во писмена постапка (член 36 § 2 од Конвенцијата и Правилото 44 § 3). Тужената Влада и жалителите одговорија на коментарите на српската Влада.
8. По известувањето согласно членот 36 § 1 од Конвенцијата и правилото 44 § 1 (а) хрватската Влада и Владата на Босна и Херцеговина не сакаа да го искористат своето право да интервенираат во актуелниов случај.
9. На 13 јули 2010 г. Судскиот совет на Третата секција во состав од следниве судии: Хосеп Касадевал (Josep Casadevall ), Елизабет Фура (Elisabet Fura), Корнелиу Бирсан (Corneliu Bîrsan), Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič), Алвина Ѓулумјан (Alvina Gyulumyan), Егберт Мијер (Egbert Myjer), и Инета Зимеле (Ineta Ziemele), како и Сантијаго Кесада (Santiago Quesada), секретар на Секцијата ја прогласија жалбата за допуштена во однос на жалбите на осум од жалителите согласно членовите 8, 13 и 14 од Конвенцијата и едногласно одлучија дека имало повреда на членовите 8 и 13 од Конвенцијата и дека не било неопходно да се разгледа жалбата во однос на членот 14 од Конвенцијата. Судскиот совет одлучи дела роднина на починатиот жалител г-дин Макуц немал основ да продолжи постапката во негово име. Жалителите г-динот Петреш и г-динот Јовановиќ, кои добиле дозволи за постојан престој и остатокот од жалбите на жалителите биле прогласени за недопуштени. Дополнително Судскиот совет и ги посочи на тужената Влада соодветните општи и поединечни мерки кои треба да се усвојат согласно членот 46 и го задржа правото на правичен надоместок согласно членот 41 од Конвенцијата.
10. На 13 октомври 2010 г. Владата побара случајот да биде упатен до Големиот судски совет согласно членот 43 од Конвенцијата и правилото 73. На 21 февруари 2011 г. панелот на Големиот судски совет го одобри нивното барање.
11. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите од член 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и правилото 24. На 3 ноември 2011 г. мандатот на Жан-Пол Коста како претседател на Судот истече. Николас Браца го наследи во тоа својство и го презеде претседавањето со Големиот судски совет во актуелниов случај (правило 9 § 2). Жан-Пол Коста продолжи да учествува во составот и по истекувањето на неговиот мандат на функцијата согласно членот 23 § 3 од Конвенцијата и правилото 24 § 4.
12. И жалителите и Владата ги поднесоа сопствените забелешки на писмено. Исто така беа примени коментари на трета странка од Канцеларијата на Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации („УНХЦР“), кому му беше дозволено од претседателот да интервенира во рамки на писмената процедура пред Големиот судски совет (член 36 § 2 од Конвенцијата и правилото 44 § 3). Отворено општество – Иницијативата за правда исто така ги ажурираше и консолидираше поднесоците.
13. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 6 јули 2011 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(a) за тужената Влада
Г-динЛ. Бембич (L. Bembič), државен правобранител,агент,
Г-ѓаВ. Клеменц (V. Klemenc), државен правобранител, ко-агент,
Г-ѓаН. Грегори (N. Gregori), Министерство за внатрешни работи,
Г-динЈ. Косељ (J. Koselj), Министерство за внатрешни работи,
Г-ѓаИ. Јеглич (I. Jeglič), Министерство за внатрешни работи,
Г-ѓаА. Сној (A. Snoj), Министерство за внатрешни работи,
Г-динА. Јерман (A. Jerman), Министерство за внатрешни работи,
Г-динП. Павлин (P. Pavlin), Министерство за внатрешни работи,
Г-динС. Бардуцки (S. Bardutzky), Министерство за правда, советници;
(б) за жалителите
Г-динА.Г. Лана (A. G. Lana),
Г-динА. Сакучи (A. Saccucci),адвокат,
Г-ѓаН. Коговшек Шаламо (N. Kogovšek Šalamo),
Г-ѓаА. Сирони (A. Sironi),советници.
14. Големиот судски совет го сослуша обраќањата на г-динот Лана и г-динот Бембич како и нивните одговори на прашањата поставени од судиите. Дополнителни информации беа поднесени од жалителите и тужената Влада на писмено.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
15. Првиот жалител, г-динот Мустафа Куриќ е роден во 1935 г. и живее во Копер (Словенија). Тој е лице без државјанство. Вториот жалител, г-динот Велимир Дабетиќ е роден во 1969 г. и живее во Италија. Тој е лице без државјанство. Третиот жалител, г-ѓа Ана Мезга, е хрватски државјанин. Таа е родена во 1965 г. и живее во Порторож (Словенија). Четвртиот жалител, г-ѓа Љубенка Ристановиќ е српски државјанин. Таа е родена во 1968 и живее во Србија. Петтиот жалител, г-динот Трипун Ристановиќ е син на четвртата жалителка, а роден е во 1988 г. и во моментов живее во Словенија. Тој е државјанин на Босна и Херцеговина. Шестиот жалител, г-динот Али Бериша е роден во 1969 во Косово. Според последните достапни податоци тој е државјанин на Србија. Во моментов живее во Германија. Седмиот жалител, г-динот Илфан Садик Адеми е роден во 1952 г. Тој живее во Германија и сега е македонски државјанин. Осмиот жалител, г-динот Зоран Миниќ е роден во 1972 г. Според Владата тој е српски државјанин.
А. Позадина на случајот
1. Државјанство на СФРЈ
16. Социјалистичка Федеративна Република Југославија („СФРЈ“) беше сојузна држава составена од шест републики: Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора и Македонија. Државјаните на СФРЈ за внатрешна употреба имаа „двојно државјанство“ односно тие беа државјани и на СФРЈ и на една од шесте републики. До 1974 г. сојузното државјанство имаше предимство над републичкото државјанство: републичкото државјанство можеше да го има само државјанин на Југославија.
17. Регулирањето на државјанството беше слично во сите републики на СФРЈ со основен принцип за стекнување на државјанство по крв (jus sanguinis). Во принцип едно дете се стекнуваше со државјанството на своите родители; доколку родителите биле државјани на различни републики тие заеднички се договарале за државјанството на детето. На датумот на стекнување на државјанство на друга република, претходното републичко државјанство на лицето престанувало да важи.
18. Од 1947 г. се водела посебна Матичната книга за државјанство на ниво на републиките, а не на ниво на сојузната држава. Од 1974 г. податоците за државјанството на новородените деца биле внесувани во Матичната книга на родени, а од 1984 г. внесувањето на податоците во Матичната книга за државјанство било прекинато, сите податоци за државјанство биле внесени во Матичната книга на родени.
19. Државјаните на СФРЈ имале слобода на движење во рамките на сојузната држава и можеле да пријават постојан престој секаде каде што ќе се населеле на нејзината територија. Целосното уживање на различни граѓански, економски, социјални па дури и политички права во СФРЈ било поврзано со постојаниот престој.
20. Државјаните на СФРЈ кои живееле во тогашната Социјалистичка Република Словенија, а кои биле државјани на некоја од другите републики на СФРЈ, како во случајот на жалителите, го пријавувале својот постојан престој таму на ист начин како и словенечките државјани. Странски државјани исто така можеле да се стекнат со постојан престој во СФРЈ според друга посебна постапка.
2. Независноста на Словенија и „бришењето“
21. Во процесот на распаѓање на СФРЈ, Словенија презела чекори за осамостојување. На 6 декември 1990 г. тогашното Собрание на Република Словенија усвоило „Изјава на добри намери“ (Izjava o dobrih namenih) со која се гарантирало дека на сите лица со постојан престој на словенечката територија ќе им било овозможено да се стекнат со словенечко државјанство доколку го сакаат тоа (види во параграф 200 долу).
22. На 25 јуни 1991 г. Словенија ја прогласила својата независност. Биле усвоени серија на закони означени како „законодавство на осамостојување“. Тие ги вклучувале Законот за државјанство на Република Словенија (Zakon o državljanstvu Republike Slovenije – „Законот за државјанство“), Законот за странци (Zakon o tujcih, види во параграфите 205-207 долу), Законот за надзор на државната граница (Zakon o nadzoru državne meje) и Законот за патни исправи на државјаните на Република Словенија (Zakon o potnih listinah državljanov Republike Slovenije).
23. Во материјалното време за разлика од некои од другите поранешни републики на СФРЈ, словенечкото население било релативно хомогено со приближно 90% од двата милиони жители со словенечко државјанство. Приближно 200.000 словенечки жители (или 10% од населението), вклучително жалителите, биле државјани на другите републики на СФРЈ. Овој сооднос исто така во голема мерка го отсликува етничкото потекло на словенечкото население во тоа време.
24. Во согласност со Изјавата за добри намери, членот 13 од Уставниот закон од 1991 г. уредува дека оние државјани на другите републики на поранешната СФРЈ кои на 23 декември 1990 г., датумот на плебисцитот за независност на Словенија, биле сметани за лица со постојан престој во Република Словенија и всушност живееле таму, имале еднакви права и обврски како и државјаните на Република Словенија со исклучок на стекнување на имот, сè додека не стекнеле државјанство на Република Словенија согласно членот 40 од Законот за државјанство или до истекувањето на временското ограничување утврдено во членот 81 од Законот за странци (25 декември 1991 г. – види во параграфите 202, 205 и 2 долу).
25. Членот 40 од Законот за државјанство кој стапил на сила на 25 јуни 1991 г. уредувал државјаните на републиките на поранешна СФРЈ кои не биле државјани на Словенија („државјани на републиките на поранешна СФРЈ“) да можат да се стекнат со словенечко државјанство доколку исполнеле три услови: да имале стекнато статус на постојан престој во Словенија до 23 декември 1990 г. (датумот на плебисцитот), реално да живееле во Словенија и да имале поднесено барање за државјанство во рок од шест месеци од стапувањето на сила на Законот за државјанство. Како што е посочено во параграф 24 горе овој рок истекол на 25 декември 1991 г. После тој датум почнале да се применуваат помалку поволни услови пропишани за стекнување на државјанство со натурализација согласно членот 10 од Законот за државјанство и за државјаните на другите републики на поранешната СФРЈ (види во параграф 205 долу).
26. Според службените податоци 171.132 државјани на републиките на поранешна СФРЈ кои живееле во Словенија поднеле барање и добиле државјанство на новата држава согласно членот 40 од Законот за државјанство. Проценките се дека дополнителни 11.000 лица ја напуштиле Словенија.
27. Согласно вториот став од член 81 од Законот за странци државјани на републиките на поранешна СФРЈ кои или не успеале да поднесат барање за словенечко државјанство во пропишаниот рок или чии барања не беа одобрени станале странци. Одредбите од Законот за странци почнале да се применуваат за државјаните на поранешна СФРЈ или два месеци по истекувањето на рокот (односно, од 26 февруари 1992 г.) или два месеци откако одлуката издадена во управна постапка со која се одбивало нивното барање за државјанство ќе станело правосилно (види во параграф 207 долу).
28. По прогласувањето на независноста Министерството за внатрешни работи („Министерството“) испратило неколку необјавени внатрешни упатства (okrožnice, navodila, depeše) до општинските управни органи во врска со спроведувањето на законодавството за осамостојување и особено на Законот за странци. Во циркуларното писмо од 26 јуни 1991 г. Министерството им дало насоки на управните органи државјаните на републиките на поранешна СФРЈ кои живеат во Словенија од тој момент натаму да се сметаат за странци во сите управни постапки и дека во согласност со членот 13 од Уставниот закон од 1991 г. тие имале исти права и обврски како и државјаните на Република Словенија до истекувањето на релевантните рокови (види во параграф 24 горе). Понатаму дало технички насоки во врска со пасошите и странците. На 30 јули 1991 г. Министерството ги информирало општинските управни органи дека согласно Декларацијата од Бриони меѓу Министерската тројка од Европската комисија и претставниците на Словенија, Хрватска, Србија и Југославија, спроведувањето на законодавството за осамостојување во сферата на меѓународните прашања било суспендирано за период од шест месеци. За време на тој период државјаните на другите републики од СФРЈ немало да се третираат како странци. Други две дополнителни управни циркуларни писма биле издадени на 5 и 18 февруари 1992 г. со кои се упатувало на општите проблеми поврзани со спроведувањето на Законот за странци. Во првото циркуларно писмо се велело дека кога се решавало по прашање во врска со статусот на странците, личните документи на државјаните на другите републики на СФРЈ издадени од управните органи на Словенија требало да се задржат, а нивните пасоши да се повлечат и поништат.
29. На 26 февруари 1992 г., датумот на кој вториот став од членот 81 од Законот за странци почнал да се применува, општинските управни органи ги отстраниле од Матичната книга на лица со постојан престој (Register stalnega prebivalstva – “Матичната книга”) оние кои не поднеле барање или не добиле словенечко државјанство и според Владата ги пренеле во Матичната книга на странци без дозвола за престој.
30. На 27 февруари 1992 г. Министерството во своите насоки им посочило на општинските управни органи дека било потребно да се регулира правниот статус на овие лица. Во нив се упатувало на фактот дека се очекувале да се појават бројни проблеми; правниот статус на засегнатите лица требало да биде регулиран и истовремено „да се прочисти евиденцијата“. Дополнително Министерството посочило дека документите на таквите лица, дури и ако биле издадени од словенечките власти и биле формално валидни, всушност да бидат неважечки заради променетиот статус ex lege на лицата. Министерството исто така дало толкување на членовите 23 и 28 од Законот за странци во случаи на прекинувањето на престојот и присилно отстранување.
31. Жалителите изјавија дека лицата чии имиња биле отстранети од Матичната книга не добиле официјално известување за тоа. Тие посочија дека не била обезбедена никаква посебна процедура за таа цел и дека не биле издадени никакви официјални документи. Тие само последователно станале свесни дека станале странци кога, на пример, ќе се обиделе да ги обноват своите лични документи (личната карта, пасошот, возачката дозвола). Меѓутоа Владата тврдеше дека покрај објавата во Службен весник словенечкото население било информирано за новата законска регулатива и преку јавните медиуми и со известувања. Во некои општини наводно биле лично известувани.
32. Според службените податоци од 2002 г. бројот на државјани на поранешна СФРЈ кои го изгубиле својот статус на постојан престој на 26 февруари 1992 г. достигнал 18.305 од кои на приближно 2.400 им било одбиено барањето за државјанство. Тие станале познати како „избришаните“ (izbrisani) и ги вклучувале и жалителите во актуелниов случај. Нови податоци за „избришаните“ биле собрани во 2009 г. (види во параграф 69 долу).
33. Како резултат на тоа „избришаните“ станале странци или лица без државјанство кои нелегално престојувале во Словенија. Генерално, имале проблеми да си ги задржат работните места и возачките дозволи и да се стекнат со пензија. Ниту пак можеле да ја напуштат земјата бидејќи не можеле повторно да влезат без валидни документи. Многу семејства останале разделени, при што некои од нивните членови биле во Словенија, а други во некои од другите земји наследнички на поранешна СФРЈ. Меѓу „избришаните“ имало 5.360 малолетници. Во повеќето случаи нивните лични документи им биле одземени. Некои од „избришаните“ доброволно ја напуштиле Словенија. На некои им биле врачени налози за напуштање на земјата и биле депортирани од Словенија.
34. После 26 февруари 1992 г. регистрирањето на постојан престој на државјани од другите републики на поранешна СФРЈ било прекинато доколку не добиле нова дозвола за престој. Меѓутоа, согласно членот 82 од Законот за странци, дозволите за постојан престој што биле издадени на странци со државјанство на други држави освен на републиките на поранешна СФРЈ продолжиле да важат и по стапувањето на сила на Законот за странци (види во параграф 207 долу).
35. На 4 јуни 1992 г. тогашниот министер за внатрешни работи испратил допис (бр. 0016/1-S-010/3-91) до Владата во кој ја информирал за прашањата кои останале отворени во врска со спроведувањето на Законот за странци со оглед на големиот број на лица од другите републики на поранешна СФРЈ кои живееле во Словенија без регулиран статус. Тој исто така изјавил дека според него за време на процесот на стекнување на независност сите права на државјаните на другите републики на СФРЈ кои живееле во Словенија, кои произлегувале од меѓународните конвенции и билатерални договори биле земени во предвид. Владата тврдеше дека, дополнително на овој допис тие презеле дејствија за намалување на последиците од „бришењето“ со толкување на одредбите на Законот за странци на пофлексибилен начин (види во параграф 36 долу). Дополнително, на 15 јуни 1992 г. друго административно циркуларно писмо со насоки за спроведување на Законот за странци било испратени до општинските управни власти. Тоа се осврнува на бројот на отворени прашања поврзани со прашања како што се доделувањето на воени станови, регистрирање на привремени бегалци од Босна и Херцеговина, водење на евиденција, премесување на лични информации од евиденцијата на населението и постапки кои се однесувале на странци. Личните карти кои им биле издадени на странци од страна на словенечките власти да бидат уништени. Особено, што се однесува на државјаните на поранешна СФРЈ со престој во Словенија, биле посочени датумите кои требале да бидат внесени во матичната книга: или кога тие станале словенечки државјани или кога станале странци согласно членот 81 од Законот за странци (26 февруари 1992 г. или два месеци по датумот на прием на одлуката дека не им е одобрено словенечко државјанство).
36. На 3 септември 1992 г. Владата одлучила да го земе во предвид периодот пред стапување на сила на Законот за странци во пресметувањето на потребниот период од три години престој во Словенија за издавање на дозвола за постојан престој. На тој начин биле издадени вкупно 4.893 дозволи за постојан престој во периодот од 1992 до 1997 г.
37. На 28 јуни 1994 г. Конвенцијата стапила на сила во Словенија.
38. Словенечкиот Парламент поднел барање за референдум по прашањето дали државјанството што им било доделено на државјаните на поранешна СФРЈ врз основа на членот 40 од Законот за државјанство требало да се повлече или не. На 20 ноември 1995 г. Уставниот суд одлучил дека прашањето било неуставно.
39. Во годините што следеле, неколку невладини организации, вклучително Амнести Интернешнал и Хелсинки Монитор, како и словенечкиот Народен правобранител за човекови права објавиле извештаи во кои се дава приказ на состојбата со „избришаните“.
3. Одлука на Уставниот суд од 4 февруари 1999 г. и последователниот развој на настаните
40. На 24 јуни 1998 г. Уставниот суд го прогласил за делумно допуштено оспорувањето на уставноста на првиот став од членот 16 и вториот став од членот 81 од Законот за странци (види во параграфите 27 горе и 207 долу) поднесено во 1994 г. од страна на две лица чии имиња биле отстранети од Матичната книга во 1992 г.
41. Во одлука од 4 февруари 1999 г. (U-I-284/94) Уставниот суд се изјаснил дека членот 81 од Законот за странци бил неуставен бидејќи не утврдувал услови за стекнување на постојан престој за оние кои биле предмет на вториот став. Тој забележал дека властите ги избришале од Матичната книга имињата на државјани на републиките на поранешна СФРЈ кои не поднеле барање за словенечко државјанство и ги внеле ex proprio motu во Матичната книга на странци без никакво известување. Понатаму утврдил дека немало правен основ за оваа мерка; Законот за докази за престој на жителите и за евидентирање на населението не обезбедил ex lege дерогација.
42. Одредбите од Законот за странци генерално биле дизајнирани да го регулираат статусот на странците кои влегле во Словенија по независноста, а не за оние кои веќе живееле таму. Додека членот 82 од Законот за странци го регулирал правниот статус на странците кои потекнувале надвор од републиките на поранешна СФРЈ, нема слични одредби што се однесуваат на лицата од поранешна СФРЈ. Последователно, вториве биле во полоша правна положба од странците кои живееле во Словенија од пред нејзината независност.
43. Во законодавниот процес во 1991 г. бил даден предлог за посебна одредба која требала да ја регулира привремената состојба на државјаните од поранешна СФРЈ кои живееле во Словенија и поднеле барање за словенечко државјанство. Законодавецот сметал дека нивната состојба не требала да се регулира со Законот за странци туку со договор меѓу земјите наследнички на поранешна СФРЈ. Бидејќи не биле склучени релевантни договори, имено заради војната во Хрватска и Босна и Херцеговина, нивната ситуација останала нерегулирана. Според гледиштето на Уставниот суд со оглед на актуелниот развој на човековите права, состојбата со лицата кои имале државјанство на претходникот, но не и на земјата наследничка, со постојан престој на територијата на државите што се распаднале после 1990 г., станало како прашање кое потпаѓало под меѓународните договори.
44. Затоа членот 81 бил прогласен за неуставен бидејќи не пропишувал услови под кои лицата кои или не поднеле барање или на кои не им било одобрено словенечко државјанство можеле да поднесат барање за постојан престој по истекувањето на пропишаниот рок. На тој начин настанал законски вакуум и принципите на владеење на правото, правната сигурност и еднаквост биле прекршени.
45. Исто така, одредбите од Законот за странци со кои се регулирало стекнувањето на постојан и привремен престој за странци кои влегувале во Словенија (членовите 13 и 14 од Законот за странци – види во параграф 207 долу) не треба да се користат за регулирање на статусот на државјани на републиките на поранешна СФРЈ кои имале разумно очекување дека новите услови за стекнување на постојан престој во Словенија не би биле построги отколку оние коишто се утврдени во членот 13 од Уставниот закон (види во параграф 202 долу) и член 40 од Законот за странци (види во параграф 205 долу), и дека нивниот статус би бил утврден согласно меѓународното право.
46. Уставниот суд понатаму утврдил дека членот 16(1) од Законот за странци бил неуставен бидејќи важел само за странците кои влегувале во Словенија по независноста.
47. Законодавецот добил шест месеци рок да ги измени неуставните одредби. Во меѓувреме Уставниот суд пресудил дека ниеден државјанин на поранешна СФРЈ кој бил евидентиран со постојан престој во Словенија на 23 декември 1990 и всушност живеел таму не можел да биде присилен да ја напушти Словенија согласно членот 28 од Законот за странци.
48. Уставниот суд исто така посочил дека нерегулираната состојба на државјаните на републиките на поранешна СФРЈ кои се нашле во несигурна правна позиција би можела до доведе до повреда, меѓу другото, и на правото на почитување на семеен живот заштитено со членот 8 од Конвенцијата (извадоци од оваа одлука се цитирани во параграф 214 долу).
49. Како последица Законот за регулирање на правниот статус на државјаните на другите држави наследнички на поранешна СФРЈ во Република Словенија (Zakon o urejanju statusa državljanov drugih držav naslednic nekdanje SFRJ v Republiki Sloveniji – „Законот за правниот статус“) бил усвоен на 8 јули 1999 г. за да се регулира правниот статус на „избришаните“ со поедноставување на условите за стекнување на дозвола за постојан престој.
50. Согласно членот 1 од Законот за правен статус државјаните на земјите наследнички на поранешна СФРЈ кои биле евидентирани со постојан престој на словенечка територија на 23 декември 1990 г., датумот на плебисцитот, или на 25 јуни 1991 г., датумот на независноста, и кои реално живееле таму имале право на дозвола за постојан престој без разлика на одредбите од Законот за странци. Тие имале рок од три месеци да поднесат барање. Членот 3 од Законот за правен статус предвидувал некои исклучоци за оние кои биле кривично осудени. Дозволи за престој им биле доделени ex nunc на оние кои ги исполнувале горе-споменатите услови (види во параграф 210 долу).
51. Пресудувајќи по друг поднесок за оспорување на уставноста (U-I-295/99) на 18 мај 2000 г. Уставниот суд укинал еден дел од членот 3 од Законот за правен статус како неуставен бидејќи утврдил дека условите за стекнување на постојан престој што се поставени таму биле построги од основите за повлекување на дозволата за постојан престо согласно Законот за странци.
4. Одлуките на Уставниот суд во други случаи изнесени пред него од страна на „избришаните“
52. Потпирајќи се на својата водечка одлука од 4 февруари 1999 г. (види во параграфи 41-48 горе) Уставниот суд донел неколку одлуки во поединечни случаи поднесени од некои од „избришаните“.
53. На 1 јули 1999 (Up-333/96) тој го разгледал случајот на тужител кому му било одбиено барањето за обновување на неговата возачка дозвола заради тоа што неговото име било „избришано“ од Матичната книга. Уставниот суд забележал дека по неговата одлука од 4 февруари 1999 г. Законот за правен статус бил изготвен но не бил усвоен. Тој одлучил дека сè додека Законот за правен статус не стапел на сила жалителот требало да го ужива статусот што тој го имал пред истекувањето на рокот поставен во вториот став од членот 81 од Законот за странци (види во параграф 27 горе). На управните органи им било наложено да го евидентираат жалителот како лице со постојан престој на адресата каде што живеел пред неговото име да биде незаконски избришано од Матичната книга и да му се обнови возачката дозвола.
54. Слична одлука (Up-60/97) била усвоена на 15 јули 1999 г. што се однесува до жалители кои сите биле членови на едно семејство и државјани на една од републиките на поранешна СФРЈ и на кои им било одбиено барањето за дозвола за постојан престој согласно членот 16 од Законот за странци, бидејќи таткото останал без работата.
55. На 18 ноември 1999 г. (Up-20/97) и на 16 декември 1999 г. (Up-152/97) во случаи поврзани со исплата на воена пензија за две „избришани“ лица Уставниот суд ја укинал пресудата на Врховниот суд и го вратил случајот на повторно разгледување.
56. На 20 септември 2001 г. во случајот (Up-336/98) во врска со правото на едно лице на детски додаток Уставниот суд ги укинал одлуките на пониските органи и го вратил случајот на повторно разгледување.
57. Исто така, Уставниот суд разгледал повеќе случаи поднесени од „избришани“ лица во врска со условите за стекнување на словенечко државјанство. Во одлука од 6 јули 1995 (Up-38/93) тој одлучил дека условот за „реален престој во Словенија“ во членот 40 од Законот за државјанство (види во параграфите 25 горе и 205 долу) можел да се исполни во ситуација кога престојот на лицето во Словенија бил прекинат заради оправдани причини доколку постоеле други околности кои докажувале дека центарот за неговите или нејзините животни интереси бил на словенечка територија. Тој ја укинал одлуката на Врховниот суд бидејќи имало различен третман на слични случаи и го испратил случајот за повторно да биде разгледан.
5. Одлука на Уставниот суд од 3 април 2003 г.
58. На 3 април 2003 г. при одлучувањето по оспорувањето на уставноста на Законот за правен статус во неговата верзија од 8 јули 1999 г. во случај (U-I-246/02) поднесен од Здружението на „избришаните“ и од други „избришани“ лица, Уставниот суд одлучил дека Законот за правен статус е неуставен бидејќи не дозволувал постојан престој ретроспективно од датумот на „бришење“, не го дефинирал значењето на зборовите „реално да престојува“ што постоеле во членот 1 и не успевал да го регулира стекнувањето на постојан престој за граѓани на републиките на поранешна СФРЈ кои биле присилени да ја напуштат Словенија согласно членот 28 од Законот за странци.
59. Иако точниот број на оние што биле депортирани е непознат Уставниот суд сметал дека бројките се најверојатно мали, бидејќи нерегулираниот статус на „избришаните“ генерално се толерирал. Исто така го поништил и тримесечниот рок за поднесување на барања за постојан престој како неразумно краток и наредил законодавецот да ги поправи неуставните одредби од оспорениот Закон во рок од шест месеци. Уставниот суд понатаму забележал дека постојаниот престој бил важен за обезбедување на одредени права и бенефиции како што се правата на воена пензија, социјални бенефиции и обновување на возачките дозволи.
60. Во точка бр. 8 од оперативниот дел од одлуката, Уставниот суд наредил Министерството да издаде, ex proprio motu, решенија со кои се утврдувал постојан престој во Словенија ex tunc, а кои стапиле на сила од 26 февруари 1992 г., датумот на „бришење“ на оние кои имале ex nunc (неретроактивни) дозволи во согласност со Законот за правен статус или Законот за странци (извадоци од оваа одлука се цитирани во параграф 215 долу).
61. На 25 ноември 2003 Парламентот усвоил Закон за извршување на точката бр. 8 од Одлуката на Уставниот суд бр. U‑I‑246/02-28 (Zakon o izvršitvi 8. točke odločbe Ustavnega sodišča Republike Slovenije št. U-I-246/02-28), исто така познат како „Технички закон“. Овој Закон ја утврдил постапката за издавање на ex tunc дозволи за постојан престој за државјаните на републиките на поранешна СФРЈ кои биле регистрирани како лица со постојан престој во Словенија и на 23 декември 1990 г. и на 25 февруари 1992 г. и кои веќе се стекнале со дозвола за постојан престој согласно Законот за правен статус или Законот за странци.
62. Меѓутоа, на 4 април 2004 г. бил одржан референдум за тоа дали Техничкиот закон требал да се спроведува. Одѕивот бил 31,54%; 94,59 од важечките гласови биле против неговата примена и затоа законот никогаш не стапил на сила.
63. Во меѓувреме во одлука (U-II-3/03) донесена на 22 декември 2003 г., Уставниот суд посочил дека законската основа за издавање на дозволи за дополнителен престој од Министерството била неговата одлука од 3 април 2003 г. (види во параграфите 58-60 горе); Министерството било обврзано да ја спроведе одлуката.
64. Исто така во посебен случај (Up-211/04) поднесен од еден од „избришаните“ кој тврдел дека неговото отсуство од Словенија било заради војната, на 2 март 2006 г. Уставниот суд ги укинал пресудите на Врховниот суд кои го отфрлиле барањето на тужителот за дозвола за постојан престој согласно Законот за правен статус и го вратил случајот во Управниот суд. Тој го упатил Управниот суд да направи соодветна проценка на правниот услов „реален престој на територијата на Република Словенија“ од 23 декември 1990 г. и на причините за отсуството од Словенија на тужителот.
65. При тоа, Уставниот суд одлучил дека фактот дека законодавецот задоцнил со отстранувањето на недоследностите не ги спречило судовите да го утврдат случајот во согласност со неговата одлука од 3 април 2003 г. (види во параграфите 58-60 горе).
66. Во 2004 г. Министерството издало 4.034 ретроактивни дозволи на „избришаните“ исклучиво на основ на гореспоменатата одлука на Уставниот суд. Издавањето на овие дозволи од страна на властите ex proprio motu било привремено сопрено и продолжило во 2009 г., заради промена на владата (види во параграф 70 долу).
67. Според Владата, 13.355 барања биле поднесен согласно Законот за правен статус до 30 јуни 2007 г. Како резултат на тоа биле издадени 12.236 дозволи за постојан престој.
68. После парламентарните избори одржани на 21 септември 2008 г. во ноември 2008 г. била именувана нова влада. Регулирањето на статусот на „избришаните“ во согласност со одлуките на Уставниот суд било утврдено како еден од нејзините приоритети.
69. Покрај надградувањето на ИТ системот, Министерството собрало и нови податоци за „избришаните“ и објавило извештај во кој се вели дека на 24 јануари 2009 г. бројот на луѓе кои биле отстранети од Матичната книга достигнал 25.671 од кои 7.899 последователно се стекнале со словенечко државјанство; 7.313 од нив сè уште биле живи. Дополнителни 3.630 добиле дозвола за престој. 13.426 „избришани“ лица немале регулиран статус во Словенија на тој датум и нивното место на живеење во моментот било непознато.
70. Во 2009 г. Министерството го продолжило процесот на издавање, ex proprio motu, на решенија со кои се утврдувал постојан престој во Словенија ex tunc кој стапувал на сила на 26 февруари 1992 г. согласно точката бр. 8 од оперативниот дел од одлуката на Уставниот суд од 2003 г. (види во параграф 60 горе) за оние кои веќе поседувале ex nunc дозволи. Биле издадени 2.347 такви решенија.
6. Изменетиот и дополнет закон за правен статус
71. Последователно, Министерството подготвило измени и дополнувања на Законот за правен статус („изменет и дополнет Закон за правен статус“), со кој се регулирале некомпатибилностите меѓу Законот за правен статус и Уставот, по одлуката на Уставниот суд од 3 април 2003 г., особено што се однесува на оние кои биле депортирани и оние кои морале да ја напуштат Словенија заради други причини поврзани со „бришењето“. На 8 март 2010 г. изменетиот и дополнет Закон за правен статус бил усвоен.
72. На 12 март 2010 г. триесет и еден парламентарец побарале да се одржи референдум за изменетиот и дополнет Закон за правен статус, меѓу другото бидејќи тој не го регулирал прашањето за надоместок за „избришаните“; како резултат на тоа неговото стапување на сила било одложено. На 18 март 2010 г. Националното собрание одлучило дека одложувањето на стапување на сила на изменетиот и дополнет Закон за правен статус или неговото одбивање на референдум имало неуставни последици и го упатило прашањето до Уставниот суд.
73. Во својата одлука од 10 јуни 2010 г. (U-II-1/10) Уставниот суд се потпирал на своите претходни водечки одлуки и одлучил дека одредбите од изменетиот и дополнет Закон за правен статус биле доследни со Уставот. Изменетиот и дополнет Закон се сметал дека ќе обезбеди постојано решение за статусот на оние „избришани“ лица кои не можеле да го регулираат својот статус, вклучително и тој на нивните деца и ќе го регулира издавањето на посебни ретроактивни решенија за оние на кои им било доделено словенечко државјанство, без услов претходно поседување на дозвола за постојан престој. Уставниот суд одбил да дозволи одржување на референдум со оглед дека потенцијалното одбивање на изменетиот и дополнет Закон за правен статус би водело кон неуставни последици. Понатаму тој утврдил дека одложувањето на спроведување на неговата водечка одлука од 2003 г. вклучувало и нова повреда на Уставот.
74. Во став 43 од својата одлука Уставниот суд одлучил дека со усвојувањето на Законот во прашање, што предвидувал ретроактивност на статусот за постојан престој, законодавецот вовел морално задоволување како посебна форма на обесштетување за „избришаните“. Доколку им била предизвикана штета на поединците како резултат на нивното „бришење“, прашањето на можна одговорност на државата можело да произлезе врз основа на членот 26 од Уставот доколку другите услови предвидени во тој член и релевантните статутарни услови биле исполнети. Во секој случај, изменетиот и дополнет Закон за правен статус сам по себе не вклучувал нов вид на одговорност за државата за обесштетување или нова правна основа за поднесување на барање за обесштетување. Било легитимно за законодавецот да усвои посебен законски акт за ограничување на одговорноста на државата, како што и било сторено, на пример, во однос на жртвите на Втората светска војна. Уставниот суд одлучил дека фактот дека изменетиот и дополнет Закон за правен статус не се осврнувал на прашањето на финансиско обесштетување не бил неуставен.
75. На 15 јуни 2010 г. Претседателот на Националното собрание јавно им се извинил на „избришаните“; Министерот за внатрешни работи го сторил истото на 22 јуни 2010 г.
76. На 24 јуни 2010 г. изменетиот и дополнителен Закон за правен статус бил објавен во Службениот весник. Стапил на сила на 24 јули 2010 г., неколку дена по усвојувањето на пресудата на Судскиот совет. Пред нејзиното стапување на сила 13.600 барање за дозволи за престој биле поднесени од кои 12.345 биле одобрени.
77. Членот 1 од изменетиот и дополнет Закон за правен статус важел за странци кои биле државјани на другите републики на поранешна СФРЈ на 25 јуни 1991 г., биле регистрирани со постојан престој во Словенија на 23 декември 1990 г. или на 25 јуни 1991 г., и всушност живееле таму оттогаш, без разлика на одредбите на Законот за странци. Тој предвидувал стекнување и на ex nunc и на ex tunc дозволи за постојан престој на „избришаните“. Тој исто така го регулирал статусот на децата на „избришаните“ и предвидувал издавање на ретроактивни одлуки на оние „избришани“ лица на кои им било доделено словенечко државјанство без да се стекнат со дозвола за постојан престој.
78. Особено, членот 1 (ч) го дефинирал значењето на зборовите „реално живеење“ во Словенија, кој бил предуслов за добивање на статус на постојан престој како состојба во која лицето центарот на неговите животни интереси му бил во Словенија, ова било утврдено врз основа на лични, семејни, економски, социјални и други врски кои демонстрирале постоење на реални и постојани врски меѓу лицето и Словенија.
79. Понатаму тој упатувал дека условот за „реално да живее“ можел да се исполни во случаи на оправдано отсуство од повеќе од една година (присилено напуштање на Словенија, отсуство како последица на „бришењето“ или неможност за враќање заради војна во другите земји наследнички на СФРЈ). Во случај на подолго отсуство, условот „реално живеење можел да биде задоволен за период од пет години и за дополнителни пет години само доколку лицето се обидело да се врати во Словенија – види во параграф 211 долу).
80. Според податоците поднесени од Владата, од 24 јуни 2010 г. до 31 мај 2011 г. подрачните управни единици примиле 173 барања за ex nunc дозволи за постојан престој и осумдесет и четири барања за дополнителни, ex tunc дозволи. Покрај дозволите издадени од Министерството за внатрешни, овие барања резултирале со издавање на шеесет и четири ex nunc дозволи за постојан престој и 111 ex tunc дозволи за постојан престој, во некои случаи од органи ex proprio motu. Некои постапки сè уште се во тек.
Крајниот рок за поднесување на барања согласно изменетиот и дополнет Закон за правен статус истекуваат на 24 јули 2013 г.
81. На 26 април 2011 г. едно здружение, Граѓанската иницијатива на „Избришаните“ заедно со педесет и двајца други приватни лица поднеле молба до Уставниот суд за уставно разгледување на изменетиот и дополнет Закон за правниот статус (U-I-85/11). Постапката е во тек.
82. Понатаму, еден од „избришаните“ поднел уставна жалба оспорувајќи го одбивањето на Врховниот суд на неговото барање за надоместок, во износ од 50.492,40 евра заради губење на работното место и нематеријална штета. Што се однесува до материјалната штетата, Врховниот суд забележал дека државните власти не делувале незаконски и дека членот 26 од Уставот во тој случај не се применувал. На 5 јули 2011 (Up-1176/09) Уставниот суд ја одбил уставната жалба потврдувајќи го гледиштето на Врховниот суд дека, и покрај одлуката на Уставниот суд кој последователно ја укинал оспорената одредба на Законот за државјанство, не можело да се каже дека управните органи или судови делувале незаконски во материјалното време. Понатаму, со оглед дека губењето на работата било поврзано со одбивањето да му се додели словенечко државјанство на жалителот, а не на одбивањето да му се додели дозвола за постојан престој, водечката одлука на Уставниот суд во однос на „бришењето“ не можела да се земе во предвид.
83. На 21 јули 2011 г. Владата поднела околу триесет конечни пресуди усвоени од судовите од прв и втор степен и од Врховниот суд во постапки за обесштетување поднесени од „избришаните“. Сите барања за обесштетување на крајот биле отфрлени, главно во согласност со пропишаните рокови иако судовите во некои случаи првично утврдиле дека барањата за надоместок не биле добро засновани. Во тоа време постапката во единаесет случаи поднесени од „избришаните“ лица чекале пред Врховниот суд. Конечно на 7 ноември 2011 г. Владата поднела нова одлука усвоена од Уставниот суд на 26 септември 2011 г. (Up-108/11) во случај поднесен од еден од „избришаните“ кој барал обесштетување за материјална и нематеријална штета. Во тој случај првостепениот суд првично одлучил во времена пресуда дека имало основи да се смета државата за одговорна за штетите. Меѓутоа Врховниот суд ја потврдил пресудата на второстепениот суд кој го отфрлил барањето на основ на истекување на законскиот рок. Таа одлука била потврдена од Уставниот суд.
Б. Индивидуални околности на жалителите
84. Пред 25 јуни 1991 г., датумот на кој Словенија ја прогласила својата независност, жалителите биле државјани и на СФРЈ и на некоја од другите републиките во нејзин состав. Тие во Словенија се стекнале со статус на постојан престој како државјани на СФРЈ, статус кој го задржале до 26 февруари 1992 г. кога нивните имиња биле избришани од Матичната книга.
85. По стапувањето на сила на Законот за правен статус на 24 јули 2010 г., г-динот Куриќ, г-ѓата Мезга, г-динот Ристановиќ, г-динот Бериша, г-динот Адему и г-динот Миниќ добиле и ex nunc и ex tunc дозволи за постојан престој. Г-динот Дабетиќ и г-ѓата Ристановиќ не побарале дозволи за престој. Ова што следи е преглед на состојбата на секој од жалителите.
1. Г-дин Мустафа Куриќ
86. Г-динот Куриќ е роден на 8 април 1935 г. во Шипво (Босна и Херцеговина). Според Владата, неговото државјанството не е познато. По завршувањето на основното образование се обучил за чевлар. Во Словенија се преселил на дваесетгодишна возраст и во 1965 г. се населил во Копер. Во 1976 г. изнајмил мала работилница од Општината Копер и таму формирал приватен бизнис. Бил евидентиран со постојан престој во Словенија од 23 јули 1970 до 26 февруари 1992 г.
87. Во 1991 г. сериозно се разболел и бил хоспитализиран три месеци и наводно од тие причини не успеал да поднесе барање за словенечко државјанство. Тој изјави дека му било кажано да не се вознемирува затоа што ќе имало и други можности за аплицирање. Владата потврди дека жалителот бил хоспитализиран. Меѓутоа бил пуштен од болница на 15 јуни 1991 г.
88. Жалителот никогаш не добил никакво службено известување дека повеќе нема правен статус во Словенија.
89. Во 1993 г. избило пожар во домот на жалителот во кој му биле уништени речиси сите документи. Кога поднел барање до Општината Копер за нови документи бил информиран дека името му било избришано од Матичната книга.
90. Жалителот продолжил со бизнисот и до доцните деведесетти години од 20 век плаќал кирија, но тогаш се соочил со финансиски проблеми. Бидејќи повеќе не можел да плаќа кирија, го изгубил правото да остане во просториите. Без никакви документи за лична идентификација бил соочен со ризик да биде протеран доколку патувал надвор од локалната заедница каде полицијата го толерирала неговото присуство.
91. Жалителот изјави дека во деведесетти години од 20 век во повеќе наврати се обидел да го регулира својот статус кај Коперската управна единица, но наводно не добил никаков одговор или насоки како да постапи. Во 2005 г. напишал писмо до Општината во кое побарал да му се додели словенечко државјанство. Не добил одговор. Меѓутоа Владата тврдеше дека г-динот Куриќ никогаш не поднел барање за дозвола за престој во Словенија.
92. Жалителот понатаму тврдеше дека во 2006 г. започнал постапка за своето пензиско право во Заводот за пензиско и инвалидско осигурување. На 14 мај 2006 г. тие му испратиле писмо со доказ за неговиот работен стаж и од него побарале потврда за државјанство. Меѓутоа според истрагата на Агентот на Владата, на 29 октомври 2007 г. Заводот за пензиско и инвалидско осигурување се изјаснил дека жалителот немал започнато никаква официјална постапка пред него.
93. На 7 мај 2007 г. жалителот аплицирал за словенечко државјанство како лице без државјанство. Неговото барање било отфрлено на 27 јули 2007 г.
94. На 29 јануари 2008 г. жалителот повторно аплицирал за словенечко државјанство согласно членот 10 од Законот за државјанство. На 10 јуни 2009 г. Коперската управна единица го отфрлила неговото барање. Тој не го оспорил ова одбивање пред Управниот суд.
95. На 24 февруари 2009 г. жалителот поднел барање за дозвола за постојан престој. На 2 ноември 2010 г. добил и ex nunc и ex tunc дозвола за престој. Истите му биле доставени на 26 ноември 2010 г.
96. Жалителот изјавил дека дури и по добивањето на дозволата за постојан престој тој и понатаму бил соочен со бројни проблеми, особено што се однесување на неговото барање на пензиските права, а имал сериозни здравствени проблеми.
2. Г-дин Велимир Дабетиќ
97. Г-динот Дабетиќ е роден на 22 септември 1969 г. во Копер (Словенија). Тој е лице без државјанство. Бил евидентиран со постојан престој во Словенија од 29 септември 1971 до 26 февруари 1992 г. Неговите родители и двајца браќа се родени во Црна Гора и тие, како и жалителот биле избришани од Матичната книга во 1992 г. На мајката на жалителот и било доделено словенечко државјанство во 1997 г. а на неговиот татко во 2004 г. Жалителот завршил основно образование и две години средно насочено образование за металски работник. Во моментов живее во Италија без никаков правен статус.
98. Жалителот изјавил дека во 1991 г. тој се преселил во Италија, но останал регистриран со постојан престој во Копер (Словенија) сè до настаните од 1992 г. Тој наводно добил погрешна информација од Коперската управна единица. Владата изјави дека жалителот живеел во Италија од 1989 г., а не од 1991 г. Затоа тој не бил жител на Словенија во времето кога станала независна.
99. Жалителот тврдеше дека кога од него се барало да поднесе барање до Коперската управна единица за словенечко државјанство, вработен му рекол да поднесе потврда дека е вработен во Словенија. Жалителот изјавил дека работел во Италија врз основа на законска работна дозвола и дека не можел да поднесе таков документ. Вработениот наводно му одговорил дека Италија, а не Словенија требаla да му даде државјанство на жалителот.
100. Жалителот понатаму изјави дека за „бришењето“ дознал подоцна од другите жалители. Во 2002 г. кога неговиот стар пасош од СФРЈ истекол италијанските власти одбиле да му ја продолжат работната дозвола за престој (permesso di soggiorno) и му наредиле да се врати во Словенија. Иако се обидел да се врати во Словенија легално, тој не можел да го регулира својот статус таму. Владата тврдеше дека жалителот никогаш не поднел на соодветен начин барање за дозвола за престој во Словенија.
101. На 26 ноември 2003 г. жалителот побарал од Министерството да му издадат додатно ex tunc решение за регулирање на неговиот статус по одлуката на Уставниот суд од 3 април 2003 г. без претходно да поднесе барање за ex nunc дозвола за постојан престој.
102. На 29 ноември 2003 г. жалителот поднел барање за словенечко државјанство согласно членот 19 од Законот за државјанство изменет и дополнет во 2002 г.
103. На 9 февруари 2004 г. жалителот поднел жалба до Единицата на Управниот суд во Нова Горица заради молк на управните органи (tožba zaradi molka upravnega organa), кои не му издале дополнително ex tunc решение.
104. На 20 мај 2005 г. жалбата на жалителот била одбиена од Управниот суд.
105. На 14 ноември 2005 г. Министерството го отфрлило неговото барање за словенечко државјанство затоа што не успеал да докаже дека тој навистина живеел во Словенија десет години и дека живеел таму без прекин во последните пет години.
106. Во исто време, жалителот исто така поднел барање и до италијанското Министерство за внатрешни работи за да се стекне со статус на лице без државјанство.
107. Во последните години жалителот во повеќе прилики бил сопрен и притворен од италијанската полиција. Исто така на 20 април 2006 г. му било наредено да ја напушти земјата во рок од пет дена. Конечно му било дозволено да остане во Италија бидејќи поднел барање за признавање на неговиот статус на лице без државјанство и постапката била во тек.
108. Жалителот исто така бил обвинет за нелегална имиграција на италијанска територија. На 19 јуни 2006 г. Окружниот суд на Мантуа го ослободила по основ дека нема државјанство и дека не можело да се очекува од него да ја напушти Италија доброволно. Во тоа време неговото барање за статус на лице без државјанство било во тек. Неговото барање после некое време било отфрлено по основ дека странец кој незаконски престојува на италијанска територија немал право на статусот во прашање.
109. Жалителот изјави дека тој живеел во крајно лоши услови. Немал покренато никаква постапка согласно изменетиот Закон за правен статус.
3. Г-ѓа Ана Мезга
110. Г-ѓа Мезга е родена на 4 јуни 1965 г. во Чаковец (Хрватска). Таа е хрватски државјанин. Во 1979 таа се преселила во Љубљана (Словенија) каде подоцна нашла работа. Завршила осум години основно образование и била евидентирана со постојан престој во Словенија од 28 јули 1980 до 26 февруари 1992 г.
111. Според жалителката во 1992 г. после раѓањето на нејзиното второ дете станала свесна за фактот дека нејзиното име било „избришано“ од Матичната книга. Нејзиниот работодавец и го скратил породилното боледување и ја отпуштил. Исто така во март 1993 г. била сопрена од полицијата при рутинска проверка. Бидејќи немала лична карта била приведена во полициска станица и подоцна во транзитен центар за странци (prehodni dom za tujce), но била пуштена откако ја платила казната. Жалителката сметала дека ова апсење значело потврда за нејзиното губење на правниот статус.
112. Потоа се преселила во Пиран, каде што се запознала со Х.Ш., словенечки државјанин со кого имала две деца и двете се државјани на Словенија. Изјавила дека не започнала постапка за регулирање на нејзиниот статус бидејќи сосема јасно не ги исполнувала условите согласно постојните закони.
113. По стапувањето на сила на Законот за правен статус на 13 декември 1999 г. г-ѓа Мезга поднела барање за дозвола за постојан престој. Министерството петпати од неа побарала да го пополни барањето и ја информирало дека таа исто така можела да бара и дозвола за постојан престој согласно одредбите за обединување на семејството.
114. На 14 април 2004 г. жалителката побарала од Министерството да и издаде дополнително решение согласно точката 8 од оперативниот дел од одлуката на Уставниот суд од 3 април 2003 г. (види во параграф 60 горе).
115. На 29 април 2004 г. жалителката поднела барање за словенечко државјанство согласно членот 19 од изменетиот и дополнет Законот за државјанство.
116. На 15 октомври 2004 г. таа присуствувала на состанок во Управната единица на Пиран во контекст на постапките за дозвола за постојан престој. На 25 октомври 2004 г. од неа било побарано да го пополни своето барање.
117. На 5 ноември 2004 г. Заводот за пензиско и инвалидско осигурување се изјаснил дека работното искуство на жалителката во Словенија било евидентирано во нивните досиеја.
118. На 6 декември 2004 г. Министерството ја прекинало постапката во вреска со барањето на жалителката за дозвола за постојан престој врз основа на нејзината неактивност и неможност да докаже дека таа навистина живеела во Словенија по 23 декември 1990 г.
119. Во постапките во врска со државјанството, на 18 ноември 2005 г. Министерството и дало на жалителката два месеци да го пополни своето барање. Меѓу другите работи таа морала да докаже дека таа реално живеела во Словенија по 23 декември 1990 г.
120. На 13 јуни 2006 г. Министерството го отфрлило нејзиното барање за словенечко државјанство.
121. На 10 август 2007 г. жалителката побарала привремена дозвола како член на семејство на словенечки државјанин.
122. На 13 септември 2007 г. добила дозвола за привремен престој која важела до 13 септември 2012 г.
123. На 22 јули 2010 г. жалителката побарала дозвола за постојан престој согласно изменетиот и дополнет Закон за правен статус. На 1 март 2011 г. добила и ex nunc и ex tunc дозвола за престој. Тие и биле доставени на 2 март 2011 г.
124. Жалителката изјави дека откако добила дозвола за постојан престој имала проблеми со нејзиното здравствено осигурување и социјална помош. Таа имала сериозни здравствени проблеми.
4. Г-ѓа Љубенка Ристановиќ
125. Г-ѓата Ристановиќ е родена на 19 ноември 1968 г. во Завидовиќ (Босна и Херцеговина). Во моментов таа е државјанин на Србија. Во 1986 таа се преселила во Љубљана (Словенија) барајќи работа. Таму се омажила и на 20 август 1988 г. родила син, петтиот жалител, г-динот Трипун Ристановиќ. Г-ѓа Ристановиќ била евидентирана со постојан престој во Љубљана од 6 август 1986 г. до 20 ноември 1991 г.
126. Г-ѓа Ристановиќ тврдеше дека таа сметала дека ќе добиела словенечко државјанство автоматски како лице со постојан престој. Меѓутоа во 1994 г. и г-ѓата Ристановиќ и нејзиниот син биле депортирани од Словенија. Таа изјави дека во тоа време дознала за „бришењето“. Меѓутоа сопругот на г-ѓата Ристановиќ кој поседувал работна дозвола и дозвола за привремен престој во материјалното време останал во Словенија. Подоцна добил дозвола за постојан престој.
127. Според тужената Влада г-ѓата Ристановиќ се преселила од нејзината општина без да се одјави и нејзината лична документација била префрлена од Матичната книга на лица со постојан престој во Матичната книга на лица кои „емигрирале без да се одјават“.
128. Жалителката изјави дека таа живеела во Србија како бегалец и многу години не поседувала лични документи. Во 2004 г. се стекнала со српска лична карата, а во 2005 г. и со српски пасош. Таа изјави дека таа и нејзиниот син не поднеле барање за дозвола за постојан престој или за словенечко државјанство бидејќи многу години не го исполнувале условот реално да живеат во Словенија согласно постојните закони.
129. Г-ѓата Ристановиќ не покренала никаква постапка по изменетиот Закон за правен статус. Таа изјави дека имала сериозни здравствени проблеми.
5. Г-дин Трипун Ристановиќ
130. Г-динот Трипун Ристановиќ е роден на 20 август 1988 г. во Љубљана (Словенија). Тој е син на четвртата жалителка, г-ѓата Љубенка Ристановиќ. Тој е државјанин на Босна и Херцеговина. Г-динот Ристановиќ бил евидентирана со постојан престој во Љубљана од 20 август 1988 г. до 26 февруари 1992 г.
131. Во 1994 г. г-динот Ристановиќ, кој бил малолетник во тоа време, бил депортиран од Словенија со својата мајка.
132. Тој живеел во Србија со својата мајка како бегалец повеќе години. Во 2004 г. властите на Босна и Херцеговина на г-динот Ристановиќ му издале лична карта и пасош. Бидејќи немал српски документи тој наводно во Србија живеел во постојан страв дека ќе биде депортиран.
133. На 9 ноември 2010 г. тој побарал дозвола за постојан престој согласно изменетиот и дополнет Закон за правен статус. На 10 март 2011 г. добил и ex nunc и ex tunc дозвола за престој. Истите му биле доставени на 11 март 2011 г. и жалителот се вратил во Словенија.
134. Според Владата, жалителот поднел молба до Уставниот суд за уставно разгледување на изменетиот и дополнет Закон за правен статус. Молбата била поднесена заедно со здружението Граѓанска иницијатива на „Избришаните“ и од други приватни лица. Постапките во моментов се во тек (види во параграф 81 горе).
6. Г-дин Али Бериша
135. Г-динот Бериша е роден на 23 мај 1969 во Пеќ (Косово) и е од ромската етничка заедница. Според Владата тој е српски државјанин. Тој се преселил во Словенија во 1985 г. Работел во фабрика во Марибор до 31 мај 1991г. Бил евидентиран со постојан престој во Словенија од 6 октомври 1987 до 26 февруари 1992 г.
136. Во 1991 г. тој наводно поминал некое време на Косово со својата болна мајка. Ова се чини дека била причината зошто тој не поднел барање за словенечко државјанство во тоа време.
137. Во 1993 г. жалителот бил притворен од страна на словенечката гранична полиција кога повторно влегувал во земјата по посета на роднини во Германија. Неговиот пасош на СФРЈ му бил одземен и бил држен во транзитниот центар за странци десет дена. Жалителот тврдеше дека тогаш дознал за „бришењето“. Исто така на 3 јули 1993 г. бил депортиран во Тирана (Албанија), наводно врз основа на никакво решение. Албанската полиција го вратила жалителот во Словенија бидејќи не поседувал важечки пасош. Повторно бил сместен во транзитниот центар од каде избегал во текот на ноќта.
138. Во 1993 г. жалителот избегал за Германија каде што добил дозвола за привремен престој заради хуманитарни причини, како резултат на нестабилната ситуација на Косово во тоа време.
139. На 9 август 1996 г. се оженил за М.М. која била родена на Косово и исто така и припаѓала на ромската етничка заедница. Меѓу 1997 и 2003 година добиле четири деца додека семејството живеело во Германија.
140. Во 2005 г. германските власти го отфрлиле барањето на жалителот за уште едно продолжување на неговата дозвола за престој бидејќи севкупната состојба на Косово се сметала за доволно стабилна за тој да се врати таму. Му било наложено да ја напушти Германија со своето семејство до 30 септември 2005 г.
141. Во неутврдено време жалителот и неговото семејство поднеле барања за азил во Германија.
142. Последователно жалителот и неговото семејство се вратиле во Словенија.
143. На 13 јули 2005 г. жалителот и неговото семејство поднеле барања за дозвола за привремен престој. На 25 јули 2005 г. тие исто така поднеле барања за дозвола за постојан престој согласно Законот за правен статус.
144. Бидејќи тие верувале дека се изложени на ризик да бидат депортирани, на 26 септември жалителот и неговото семејство поднеле и барања за азил. Жалителот исто така барал да добие и статус на бегалец.
145. По повлекувањето на нивните барања за азил, на 19 октомври 2005 г. Министерството ја прекинало постапката. Министерството исто така наложило жалителот и неговото семејство да се вратат во Германија. На 28 октомври бил издаден налог за напуштање на земјата но не бил спроведен. На 10 ноември 2005 г. бил издаден нов налог за напуштање на земјата со кој бил утврден 18 ноември 2005 г. како датум на кој требале да ја напуштат земјата. Жалителот започнал постапката пред Управниот суд. На 15 ноември 2005 г. неговото барање било одобрено.
146. Во тоа време случајот исто така добил значително внимание од локалната и меѓународната заедница благодарение на напорите на Амнести Интернешнал.
147. На 27 февруари 2006 г. семејството повторно побарало азил во Словенија. Тие во тоа време живееле во центар за азиланти.
148. На 28 април 2006 г. жалителот поднел жалба пред Управниот суд, жалејќи се на молк на управните органи во постапките поврзани со дозволите за постојан престој за него, неговата сопруга и нивните четири деца.
149. На 19 јули 2006 г. германските власти ги информирале словенечките власти дека Германија имала јуриздикција согласно Даблинската регулатива да ги разгледа барањата за азил на семејството Бериша.
150. На 28 јули 2006 г. во Словенија му се родило петтото дете на жалителот.
151. На 30 октомври 2006 г. Министерството одлучило, по гореспоменатата одлука на германските власти, дека тоа немало јуриздикција да ги разгледува барањата за азил на жалителот и неговото семејство и тие да им бидат предадена на Германија. Министерството исто така добило и свежи докази дека Бериша и неговото семејство биле азиланти во Германија, каде што примале финансиска помош за таа цел.
152. На 5 ноември 2006 г. жалителот и неговото семејство започнале постапка пред Управниот суд за оспорување на одлуката на Министерството. Истиот ден исто така побарале да не се спроведе оспорената одлука и да се повлече нивното барање за азил (види во параграф 147 горе).
153. Според жалителот, на 7 ноември 2006 г. Министерството повторно се обидело да го префрли него и неговото семејство во Германија. На 15 ноември 2006 г. Управниот суд го поништил налогот за отстранување од земјата. Министерството поднело жалба.
154. На 28 декември 2006 г. Врховниот суд ја потврдил одлуката на Министерството од 30 октомври 2006 г. дека Германија имала јуриздикција согласно Даблинската регулатива да одлучува по барањето на жалителот за азил.
155. На 1 февруари 2007 жалителот и неговото семејство и биле предадени на Германија, каде што живееле со статус на „толерирање“ (Duldung).
156. Ниту жалителот, ниту неговото семејство не поднеле барање за словенечко државјанство.
157. Во контекст на постапките за азил, на 18 април 2008 г. Уставниот суд ја одбил уставната молба на жалителот.
158. На 19 октомври 2010 г. г-динот Бериша добил и ex nunc и ex tunc дозволи за престој по неговото барање поднесено на 25 јули 2005 (види во параграф 143 горе). Дозволите му биле доставени на 24 ноември 2010 г. преку Словенечкиот конзулат во Минхен.
159. Жалителот, кој во моментов сè уште живее во Германија, изјави дека во моментот бил спречен да се врати во Словенија бидејќи неговата сопруга и пет деца немале никаков правен статус таму и не би ги исполниле условите за семејно обединување согласно Законот за странци.
160. На неутврден датум, жалителот поднел барање за обесштетување до државното правобранителство кое било одбиено. Според тужената Влада тој не започнал судска постапка.
7. Г-динот Илфан Садик Адеми
161. Г-динот Адеми е роден на 28 јули 1952 г. во Скопје („поранешната Југословенска Република Македонија“) во ромската етничка заедница. Сега тој е македонски државјанин. Во 1977 г. тој се преселил во Словенија каде што работел до 1992 г. Неговиот постојан престој таму е евидентиран од 27 септември 1977 г. до 26 февруари 1992 г.
162. Според жалителот во 1991 г. тој го пропуштил крајниот рок за поднесување на барање за словенечко државјанство. Во 1993 г. тој бил сопрен од полицијата во текот на рутинска проверка. Бидејќи немал валидна лична карта, тој и неговото семејство биле протерано во Унгарија. Жалителот тврдеше дека тогаш дознал за „бришењето“. Наскоро после тоа жалителот и неговото семејство се преселил во Хрватска, од каде повторно влегле во Словенија нелегално.
163. На 23 ноември 1992 г. жалителот поднел барање за словенечко државјанство со помош на адвокат.
164. Жалителот подоцна се преселил во Германија, каде се претставил како лице без државјанство и се стекнал со дозвола за привремен престој и пасош за странци.
165. На 9 февруари 1999 г. тој побарал од Амбасадата на „поранешната Југословенска Република Македонија“ да му издадат пасош, но добил негативен одговор бидејќи не бил државјанин на таа земја.
166. На 16 февруари 2005 г. жалителот побарал дозвола за постојан престој согласно Законот за правен статус. На 20 април 2005 г. Министерството побарало од него да го дополни своето барање со доказ за државјанство.
167. На 26 мај 2005 г. неговото барање било одбиено на основ дека бил лице без државјанство. Министерството изјавило дека Законот за правен статус важел само за државјани на другите земји наследнички на поранешна СФРЈ.
168. На 11 јули 2005 г. Министерството одговорило на писмото со барање за дополнително разгледување на молбата за словенечко државјанство поднесена во 1992. Тоа го информирало дека се чинело дека тој не живеел во Словенија во претходните десет години, и не ги исполнувал условите за словенечко државјанство согласно изменетиот и дополнет Закон за државјанство.
169. На 9 септември 2005 г, неговата молба за словенечко државјанство била одбиена.
170. На 31 јули 2007 г. жалителот побарал дозвола за постојан престој согласно Законот за правен статус. На 31 март 2008 г. Министерството го одбило неговото барање повторно врз основа на тоа дека тој не бил државјанин на ниедна од земјите наследнички на поранешна СФРЈ. Жалителот ја започнал постапката пред Управниот суд.
171. На 18 февруари 2009 г. Управниот суд ја потврдил одлуката на Министерството отфрлајќи го барањето на жалителот за дозвола за постојан престој. Жалителот се жалел.
172. На 6 октомври 2010 г. Врховниот суд ја прифати неговата жалба и го вратил случајот назад за повторно разгледување. Тој забележа дека изменетиот и дополнет Закон за правен статус стапил на сила во меѓувреме и дека барањето на жалителот сега требало да биде разгледано во контекст на новата законска регулатива. Во текот на овие постапки жалителот поднел македонски пасош кој му бил издаден на 19 август 2010 г.
173. На 20 април 2011 г. г-динот Адеми добил и ex nunc и ex tunc дозвола за престој. Истите му биле доставени на 23 мај 2011 г.
174. Жалителот, кој има сериозни здравствени проблеми, во моментов живее меѓу Словенија и Германија каде во меѓувреме му бил прекинат неговиот привремен статус.
8. Г-динот Зоран Миниќ
175. Г-динот Миниќ е роден на 4 април 1972 г. во Подуево (Косово). Според Владата тој е српски државјанин. Тој се преселил во Словенија со своето семејство во 1977 г. Жалителот завршил основно училиште, по што следел тригодишно средно угостителско училиште. Бил евидентиран како жител на Словенија од 1 август 1984 г. до 26 февруари 1992 г.
176. Според жалителот во 1991 г, бил во посета на своите баба и дедо на Косово. Од таа причина тој и неговото семејство го пропуштиле рокот за поднесување на барање за словенечко државјанство за еден месец бидејќи војната на Косово го отежнала собирањето на потребните документи. Според Владата немало докази дека г-динот Миниќ поднел барање за словенечко државјанство во 1991 г. Исто така од документите за работниот стаж на жалителот следи дека од 1992 до 1999 г. тој работел во Подуево. Тој се оженил за српска државјанка со која имал четири деца.
177. Жалителот изјави дека открил дека бил „избришан“ заедно со други членови на неговото семејство кога се обидел да го регулира својот статус во Словенија. Како резултат на неподносливите услови за живеење во Словенија без правен статус, тој бил присилен привремено да се пресели на Косово.
178. Тој се вратил во Словенија во неколку прилики. Во 2002 г. жалителот бил уапсен од полицијата во Словенија затоа што работел без дозвола. Бил суден и му било наложено да плати казна и на 5 јуни 2002 г. бил протеран во Унгарија и покрај одлуката на Уставниот суд од 4 февруари 1999 г. (види во параграфите 41-48 горе) без никаков официјален налог.
179. Жалителот изјавил дека тој не побарал никаков правен статус во Словенија повеќе години бидејќи не ги исполнувал условите за словенечко државјанство и за дозвола за постојан престој согласно постојното законодавство во тоа време. Што се однесува до неговото семејство, неговата мајка конечно добила словенечко државјанство во 2000 г., а неговите браќа и сестри во 2003 г.
180. По усвојувањето на одлуката на Уставниот суд од 3 април 2003 г. (види во параграфите 58-60 горе), на 15 септември 2003 г. жалителот поднел барање за словенечко државјанство согласно членот 19 од изменетиот и дополнет Закон за државјанство.
181. Меѓу 26 април и 9 октомври 2004 г. Министерството побарал од жалителот петпати да го пополни своето барање со потребните докази, меѓу кои дека тој живеел во Словенија непрекинато од 23 декември 1990 г. Кога не го сторил тоа бил повикан на разговор во Министерството.
182. На разговорот на 17 декември 2004 г. тој ја потврдил информацијата изнесена во неговото работно досие, имено дека работел во Подуево (Косово) од 8 јануари 1992 г. до 6 април 1999 г. и оттука не живеел во Словенија без прекин од 23 декември 1990 г.
183. Согласно тоа на 21 февруари 2006 г, неговата молба за словенечко државјанство била одбиена. Решението му било врачено на г-динот Миниќ меѓу 28 јуни и 2 јули 2006 за време на посета на Словенија.
184. На 17 јули 2006 г. жалителот ја започнал постапката пред Управниот суд.
185. На 30 јуни 2006 г. тој побарал дозвола за постојан престој согласно Законот за правен статус.
186. На 29 март 2007 г. бил на разговор во Министерството. На 14 јули 2007 г. жалителот обезбедил дополнителни документи во поткрепа на неговото барање.
187. На 18 јули 2007 г. Министерството го отфрлило барањето на жалителот бидејќи не го исполнувал условот реално да живее во Словенија.
188. На 19 септември 2007 г. жалителот започнал постапката пред Управниот суд.
189. На 10 септември 2008 г. во контекст на управната постапка во врска со барањето на жалителот за словенечко државјанство, Уставниот суд ја отфрлил уставната жалба што ја поднел.
190. На 26 ноември 2008 г. Управниот суд ја поништил одлуката на Министерството од 18 јули 2007 г. (види во параграф 187 горе) и го вратил случајот назад за повторно разгледување.
191. На 24 јули 2009 г. Министерството го отфрлило барањето на жалителот бидејќи не го исполнувал условот реално да живее во Словенија.
192. Жалителот потоа започнал постапката пред Управниот суд. Тој изјавил дека бил безизлезно блокиран на Косово во 1992 г. и оттогаш се враќал во Словенија колку што можел почесто но дека војната и други околности го спречувале тоа да го прави на подолго време. Исто така тој бил Србин од Косово на кој му бил доделен статус на раселено лице во Србија откако неговата куќа на Косово му била запалена. Тој во неколку прилики се обидел да го регулира својот статус во Словенија но во 2002 г. бил депортиран. Неговите родители, брат и две сестри, сите биле словенечки државјани.
193. На 19 јануари 2011 г. Управниот суд ја укинал одлуката на Министерството и го вратил случајот назад за повторно да биде разгледан со насока дека неговото барање требало да се разгледа согласно изменетиот Закон за правен статус.
194. На 4 мај 2011 г. жалителот добил и ex nunc и ex tunc дозвола за престој. Истите му биле доставени на 9 јуни 2011 г.
195. На 1 јуни 2011 г. жалителот поднел барање за обесштетување до Државното правобранителство. Неговото барање било одбиено заради истекување на законскиот рок врз основа дека тој дознал за штетата што му била предизвикана со „бришењето“ кога поднел барање за словенечко државјанство или за дозвола за постојан престој.
II. РЕЛЕВАНТНО МЕЃУНАРОДНИ И ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Домашно права и пракса
1. Законодавството на поранешната Социјалистичка Република Словенија
(а) Законот за државјанство на Социјалистичка Република Словенија (Zakon o državljanstvu Socialistične republike Slovenije – Службен весник на СРС, бр. 23/76 од 1976)
196. Членот 1 од овој закон предвидува дека секој државјанин на Социјалистичка Република Словенија истовремено е државјанин и на СФРЈ, при тоа утврдувајќи предимство на републичкото државјанство.
(б) Закон за движење и престој на странци (Zakon o gibanju in prebivanju tujcev – Службен весник на СФРЈ, бр. 56/80 од 1980, изменет и дополнет)
197. Овој Закон правел разлика меѓу дозволата за привремен или постојан престој на еден странец на државната територија или постојано место на живеење на државјанин на СФРЈ, означувајќи ја конкретната локација на неговиот или нејзиниот престој.
(в) Закон за доказ за престој на жителите и за евиденција на населението (Zakon o evidenci nastanitve občanov in o registru prebivalstva – Службен весник на СРС, бр. 6/83 од1983 и бр. 11/91 од 1991)
198. Овој Закон го регулира евидентирањето и одјавувањето на постојан и привремен престој и водењето на матични книги за населението на словенечка територија.
199. Во 1991 г., членот 5 од Законот бил изменет и дополнет за да уредува:
„Евидентирањето на постојаниот престој и евидентирањето на секоја промена на адресата е задолжително за сите жители, секогаш кога ќе се населат на неодредено време во населено место или кога ќе ја сменат својата адреса. Одјавувањето на постојан престој е задолжително за жителите кои се селат од територијата на Република Словенија.“
2. Законодавството на Република Словенија
(а) Изјава за добри намери (Izjava o dobrih namenih – Службен весник на РС, бр. 44/90-I од 1990)
200. Целта на Изјавата за добри намери, усвоена на 6 декември 1990 г. во текот на подготовките за плебисцитот за независноста на Словенија, била да се изрази заложбата на државата за одредени вредности во остварувањето на својата независност. Релевантната одредба од овој документ уредува:
“... Словенечката држава ... ќе ... им го гарантира на сите припадници на другите народи и националности правото на севкупен развој на нивната култура и јазик и на сите кои имаат постојан престој во Словенија право да се стекнат со словенечко државјанство доколку го сакаат тоа ...“
(б) Основна уставна повелба за самостојноста и независноста на Република Словенија (Temeljna ustavna listina o samostojnosti in neodvisnosti Republike Slovenije – Службен весник на РС, бр. 1/91-I од 1991)
201. Релевантните одредби на Основната уставна повелба за самостојноста и независноста на Република Словенија, објавена на 25 јуни 1991 г. уредуваат:
Член III
„Република Словенија гарантира заштита на човековите права и основни слободи за сите лица на територијата на Република Словенија, без разлика на нивното национално потекло и без никаква дискриминација во согласност со Уставот на Република Словенија и обврзувачките меѓународни договори...“
(в) Уставен закон од 1991 г во врска со Основната уставна повелба за самостојноста и независноста на Република Словенија (Ustavni zakon za izvedbo Temeljne ustavne listine o samostojnosti in neodvisnosti RS – Службен весник на РС, бр. 1/91-I од 1991)
202. Релевантните одредби од Уставниот закон од 1991 уредуваат:
Член 13
„Државјаните на другите републики [на поранешната СФРЈ] кои на 23 декември 1990 г., денот кога беше одржан плебисцитот за независност на Република Словенија, биле регистрирани како лица со постојан престој во Република Словенија и реално живеат таму додека не се стекнат со државјанство на Словенија согласно членот 40 од Законот за државјанство на Република Словенија или до истекувањето на рокот утврден во членот 81 од Законот за странци, имаат еднакви права и обврски како и државјаните на Република Словенија...“
(г) Уставот на Република Словенија (Ustava Republike Slovenije, Службен весник бр. 33/91-I од 1991)
203. Релевантните одредби од Уставот на Република Словенија уредува:
Член 8
„Законите и регулативите мора да се усогласени со општо прифатени принципи на меѓународното право и со договорите кои се обврзувачки во Словенија. Ратификуваните и објавени договори ќе се применуваат директно.“
Член 14
„Во Словенија на сите ќе им бидат гарантирани еднакви човекови права и основни слободи без разлика на националното потекло, раса, пол, јазик, религија, политички или други убедувања, материјална состојба, статус по раѓање, образовен и социјален статус или некакви други лични околности.
Сите се еднакви пред законот.“
Член 26
„Сите ќе имаат право на надоместок за штета предизвикана од незаконски дејствија на лице или тела кои извршуваат функција или се вклучени во активност во име на државата или локалните власти или како носители на јавна функција.
Секое лице кое ќе претрпи штета исто така има право, согласно законот, да бара обесштетување директно од лицето или телото кое ја предизвикало штетата.“
...
(ѓ) Закон за државјанство на Република Словенија (Zakon o državljanstvu Republike Slovenije, Службен весник бр. 1/91-I, 30/91 и 96/2002 од 1991 и 2002)
205. Релевантните одредби од Законот за државјанство уредуваат:
Член 10
„Надлежниот орган може, во рамките на своите овластувања, да прифати барање од едно лице за натурализација доколку ова е во согласност со националниот интерес. Лицето мора да ги исполни следниве услови:
(1) да има осумнаесет години;
(2) да е ослободен од актуелното државјанство или да докаже дека ќе биде ослободен [од таквото државјанство] доколку се стекне со државјанство на Република Словенија;
(3) реално да живее во Словенија десет години, од кои пет години пред самото поднесување на барањето мораат да бидат во континуитет;
(4) да има гарантиран постојан извор на приход, најмалку во износ кој овозможува материјална и социјална безбедност;
(5) да го зборува словенечкиот јазик на ниво потребно за потребите на секојдневната комуникација;
(6) да не бил осуден на казна затвор подолга од една година во земјата чиј државјанин е или во Словенија за кривични дела кои се казниви по закон под услов таквото дело да е казниво согласно регулативата на неговата земја и исто така согласно регулативата на Република Словенија;
(7) да не му е забранет престојот во Словенија;
(8) натурализацијата на лицето не смее да претставува никаква закана по јавниот ред, безбедност или одбрана на државата;
...”
Член 39
„Лицата кои се стекнале со државјанство на Република Словенија и на Социјалистичка Федеративна Република Југославија согласно важечкото законодавство ќе се сметаат за државјани на Словенија согласно актуелниот Закон.“
Член 40
„Државјани на друга република [на поранешна СФРЈ] кои на 23 декември 1990 г., денот кога беше одржан плебисцитот за независност на Република Словенија, биле регистрирани како лица со постојан престој во Република Словенија и реално живеат тука ќе се стекнат со државјанство на Република Словенија, ако во рок од шест месеци по стапувањето во сила на актуелниот Закон поднесат барање до органот за внатрешни работи во општината каде што живеат...“
206. На 14 ноември 2002 г. Законот за државјанство на Република Словенија бил изменет и дополнет. Во релевантната одредба се вели:
Член 19
„Полнолетно лице кое на 23 декември 1990 г. било евидентирано како лице со постојан престој на територијата на Република Словенија и кое живеело таму без прекин од тој датум може да побара државјанство на Република Словенија во рок од една година откако Законот ќе стапи на сила доколку истото ги исполнува условите утврдени ... со овој Закон.
Кога се одлучува согласно претходниот став дали жалителот ги исполнува условите поставени во ... овој Закон, надлежниот орган може да го земе во предвид времетраењето на престојот на жалителот во земјата, неговите лични, семејни, деловни, социјални и други врски со Република Словенија и последиците по жалителот ако не му се одобри државјанството.
...”
(е) Закон за странци (Zakon o tujcih, Службен весник бр. 1/91-I од 1991)
207. Релевантните одредби од Законот за странци го велат следното:
Член 13
„Еден странец кој ќе стапне на територијата на Република Словенија со важечки пасош може да остане таму три месеци или додека му важи издадената виза освен ако не е поинаку уредено со меѓународен договор ...
Еден странец кој сака да остане на територијата на Република Словенија подолго од она што е предвидено со претходниот став заради образование, специјализација, вработување, лекување, професионално искуство или бидејќи се венчал/а за државјанин на Република Словенија, има недвижен имот на територијата на Република Словенија, или ужива во правата кои му/и следуваат со вработување во државата или заради некоја друга валидна причина бара негов или нејзин престој во државата, мора да поднесе барање ... за дозвола за привремен престој.
...”
Член 16
„Дозвола за постојан престој може да му биде издадена на странец кој живее на територијата на Република Словенија континуирано најмалку три години врз основа на дозвола за привремен престој и ги исполнува условите утврдени во вториот став од член 13 од овој Закон за постојан престој на територијата на Република Словенија...“
Член 23
„Еден странец кој живее на територијата на Република Словенија врз основа на странски пасош, виза или дозвола за влез или меѓународен договор ... или кому му била издадена дозвола за привремен престој ... може да не му биде дозволено да остане:
(i) доколку причините за јавен ред, безбедност или одбрана на државата тоа го бара;
(ii) доколку тој или таа одбива да се придржува кон одлуката на државните власти;
(iii) доколку тој или таа постојано го прекршува јавниот ред, безбедноста на државната граница или одредбите од овој Закон;
(iv) доколку тој или таа е осуден од странски или домашен суд за кривично дело за кое следува казна од најмалку три месеци затвор;
(v) доколку тој или таа нема повеќе доволно средства за живот, а неговите или нејзините животни потреби не се на некој друг начин обезбедени;
(vi) заради заштита на јавното здравје.“
Член 28
„Овластено службено лице на органот за внатрешни работи може да однесе странец кој нема доброволно да ја напушти територијата на Република Словенија, кога е обврзан да го стори тоа од надлежен орган или управен орган задолжен за внатрешни работи, или кој престојува на територијата на Република Словенија по периодот утврден во член 13(1) од овој Закон или после периодот дозволен во одлуката со која се дозволува привремен престој, на државната граница или во дипломатското/конзуларното претставништво на државата чиј државјанин е тој или таа и да му наложи на таквото лице да ја премине границата или да го предаде на претставник на странската држава.
Засегнатиот орган за внатрешни работи ќе му наложи на странецот кој не ја напушта територијата на Република Словенија во согласност со претходниот став, а кој не може да биде отстранет веднаш заради некаква причина, да престојува во транзитен центар за странци во период кој нема да надмине триесет дена доколку постои сомнеж дека тој или таа ќе се обиде да ја избегне оваа мерка.
Органот за внатрешни работи може да назначи друго место за престој на странец кој не е во можност да ја напушти територијата на Република Словенија веднаш, а нема доволно средства за живот.“
Член 81
„Додека решението издадено во управна постапка во врска со барањето за државјанство не стане правосилно, одредбите од овој Закон нема да важат за државјани на СФРЈ коишто се државјани на други републики и кои поднеле барање за словенечко државјанство согласно членот 40 од Законот за државјанство на Република Словенија во рок од шест месеци по неговото стапување во сила.
За државјаните на СФРЈ коишто се државјани на други републики но кои или не поднеле барање за државјанство на Република Словенија во рокот предвиден во претходниот став или им било одбиено барањето за државјанство, одредбите од овој Закон ќе важат два месеци по истекувањето на рокот во рамките на кој тие можат да побараат државјанство или откако решението во врска со нивното барање ќе стане правосилно.“
Член 82
“... Дозволите за постојан престој издадени во согласност со Законот за движење и престој на странци ... и понатаму ќе важат доколку странецот носител на таква дозвола има постојан престој на територијата на Република Словенија кога овој Закон ќе стапи на сила.“
208. За да се олесни стекнувањето на дозвола за постојан престој за државјаните на другите републики на поранешна СФРЈ кои или не успеале да поднесат барање за словенечко државјанство или не се стекнале со дозволи за престој согласно Законот за странци на 3 септември 1992 г. Владата ја усвоила следнава одлука:
„...при разгледувањето на барањата за дозволи за постојан престој за странци на што се упатува во член 16 од Законот за странци ..., Министерството за внатрешни работи ќе смета дека условот за постојан престој на територијата на Република Словенија бил исполнет ако странецот има евидентиран постојан престој од најмалку три години и ако реално живеел тука пред одредбите од Законот за странци да почнат да важат за него.“
(ж) Законот за странци од 1999 г. (Zakon o tujcih, Службен весник бр. 61/99, 108/2002, 112/2005, 107/2006, 71/2008 и 64/2009)
209. Законот за странци од 1999 г. го заменил Законот за странци од 1991 г. Во годините што следеле Законот за странци од 1999 г. бил изменет и дополнет неколкупати. Во 2011 г. истиот бил заменет со нов Закон за странци (Службен весник бр. 50/2011).
(з) Законот за регулирање на правниот статус во Република Словенија на државјаните на другите држави наследнички на поранешна СФРЈ („Законот за правен статус“ - Zakon o urejanju statusa državljanov drugih držav naslednic nekdanje SFRJ v Republiki Sloveniji, Службен весник бр. 61/99 и 54/2000 од 1999 и 2000)
210. Релевантните одредби од Законот за правниот статус, донесени по одлуката на Уставниот суд од 4 февруари 1999 г. (види во параграфи 41-48 горе), уредуваат:
Член 1
„На државјаните на други држави наследнички на поранешната СФРЈ (во понатамошниот текст ‘странци’) кои биле регистрирани како лица со постојан престој на територијата на Република Словенија на 23 декември 1990 г. и реално живеат во Република Словенија, и странци кои реално живееле во Република Словенија на 25 јуни 1991 г. и живееле континуирано тука оттогаш, ќе им се издаде дозвола за постојан престој без разлика на одредбите од Законот за странци..., доколку тие ги исполнат условите утврдени со овој Закон.“
Член 2
„Барање за постојан престој треба да биде поднесено во рок од три месеци откако овој Закон ќе стапи на сила...
Еден странец кој поднел барање за постојан престој согласно членот 40 од Законот за државјанство во Република Словенија..., но добил решение со кое се одбива да му се одобри неговото барање може да поднесе барање согласно претходниот став во рок од три месеци откако овој Закон ќе стапи на сили или одлуката ќе стане правосилна, доколку таквото решение е издадено откако овој Закон ќе стапи на сила...“
211. На 24 јули 2011 г. изменетиот и дополнет Закон за правен статус (Zakon o spremembah in dopolnitvah Zakona o urejanju statusa državljanov drugih držav naslednic nekdanje SFRJ v Republiki Sloveniji, Службен весник бр. 50/2010) стапил на сила. Член 1 (ч) од овој Закон уредува:
„Лице што реално живее во Република Словенија за потребите на овој член ќе биде лице чиј центар на интереси е во Република Словенија, а ова се утврдува врз основа на неговите лични, семејни, социјални и други врски кои демонстрираат постоење на реални и постојани врски меѓу едно лице и Република Словенија. Оправдано отсуство од Република Словенија од причини на кои се упатува во третиот став на овој член нема да значи прекинување на реалниот престој во Република Словенија.
Условот за реален престој во Република Словенија ќе се исполни доколку лицето ја напуштило Република Словенија и неговото континуирано отсуство не било подолго од една година без разлика на причината за отсуството.
Условот за реалниот престој во Република Словенија исто така ќе биде исполнет и во случај кога отсуството не било подолго од една година но било оправдано со следниве причини:
- доколку лицето заминало од Република Словенија како последица на отстранување од Матичната книга на лица со постојан престој;
- доколку лицето ја напуштило Република Словенија бидејќи било распоредено на работно место, испратено на студии или лекување од страна на правно лице од Република Словенија или во случај на малолетно лице од неговите родители или старатели, или доколку лицето е вработено на брод чие домицилно пристаниште е во Република Словенија, за периодот на работа, учење или лекување или периодот на ангажман на бродот;
- доколку лицето ја напуштило Република Словенија бидејќи не можело да се стекне со дозвола за престој во Република Словенија заради неисполнување на релевантните услови и барањето за дозвола му било одбиено или отфрлено или постапката прекината;
- доколку лицето не можело да се врати во Република Словенија заради војната во другите држави наследнички на Социјалистичка Федеративна Република Југославија или од здравствени причини;
- доколку лицето било протерано од Република Словенија согласно членот 28 ... или членот 50 од Законот за странци..., освен ако лицето не било странец протерано од земјата како казна заради сторено кривично дело;
- доколку на лицето не му бил дозволен влез во Република Словенија, освен кога влезот му бил одбиен заради изрекување на второстепена санкција за протерување заради извршување на кривично дело ...
Доколку отсуството заради причините посочени во претходниот став, освен за оние на кои се посочува во втората точка, траело повеќе од пет години ќе се смета дека условот за реален престој е задоволен за период од пет години и за дополнителни пет години доколку однесувањето на лицето покаже дека за време на периодот на отсуство лицето се обидело да се врати во Република Словенија и да продолжи со својот живот таму.
За потребите на овој Закон, дозвола за постојан престој или посебна одлука за ретроактивна дозвола за постојан престој и регистриран постојан престој или дополнителна одлука издадена согласно точката 8 од одлуката на Уставниот суд ..., У-1-246/02-28 од 3 април 2003 г. ... нема да значи дека условот за реално живеење во Република Словенија во постапката иницирана согласно Законот за државјанство во Република Словенија бил исполнет.“
(з) Правилник за формата за пријавување и одјавување на постојан престој, Образец за лична карта и начинот за водење на Матичната книга на лица со постојан престој (Pravilnik o obrazcu za prijavo oziroma odjavo stalnega prebivališča, o obrazcu osebnega kartona in kartona gospodinjstev ter o načinu vodenja in vzdrževanja registra stalnega prebivalstva, Службен весник бр. 27/92 од 1992)
212. Релевантната одредба од Правилникот уредува:
Правило 5
„Матичната книга на лица со постојан престој содржи податоци за државјаните на Република Словенија кои пријавиле постојан престој на територијата на општината.
Во Матичната книга на лица со постојан престој надлежниот орган ги идентификува државјаните на Република Словенија кои патуваат во странство привремено на повеќе од три месеци и лица на кои властите не им дозволиле да пријават постојан престој ...“
(и) Закон за државно правобранителство (Zakon o državnem pravobrailstvu, Службен весник бр. 94/07)
213. Релевантната одредба од Законот за државно правобранителство уредуваат:
Член 14
„Доколку едно лице планира да покрене граѓанска или друга постапка против тело кое го брани државното правобранителство, ова лице најпрво треба да поднесе до Државното правобранителство предлог за решавање на спорниот однос пред започнувањето на постапката. Државниот правобранител треба колку што е можно поскоро, но не подоцна од триесет дена, да делува и да го информира лицето засегнато од неговиот став.“
3. Судската пракса на Уставниот суд на Република Словенија
(а) Одлуката од 4 февруари 1999 г. (U-I-284/94)
214. Релевантните делови од одлуката на Уставниот суд од 4 февруари 1999 г. (види во параграфите 41-48 горе) го велат следново:
„На седницата од 4 февруари 1999 г. во врска со постапката за разгледување на уставноста по поднесената иницијатива на Б.М. и В.Т. ..., Уставниот суд ја донесе следнава одлука:
1. Законот за странци (Службен весник на РС, бр. 1/91-1, 44/97 и 50/98) не е доследен со Уставот со оглед дека не ги поставува условите за стекнување на дозвола за постојан престој од страна на лицата на кои се упатува во став 2 од членот 81 по истекувањето на периодот за време на кој тие имале можност да поднесат барање за државјанство на Република Словенија, доколку не го сториле тоа или по датумот на кој одлуката за одбивање да му се додели државјанство станала правосилна. ...
3. Недоследноста како што е утврдена во став 1 од оперативните одредби ќе биде елиминирана од страна на законодавецот во рок од шест месеци од датумот на објавување на оваа одлука во Службениот весник на Република Словенија.
4. Во исчекување на отстранување на недоследностите утврдени во став 1 горе, не може да се издаде никаков налог за депортирање како што се упатува во членот 28 од Законот за странци против државјани на некоја од другите републики на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија доколку на денот на плебисцитот од 23 декември 1990 г. тие биле евидентирани со постојан престој и реално живееле во Република Словенија.
Образложение:
...
14. Уставниот суд утврди дека одредбите од став 2 од член 13 и став 1 од член 16 од Законот за странци не треба да се применува за државјани на другите републики кои не се стекнале со државјанство на Република Словенија. Ниту пак надлежните органи треба да ги префрлаат овие лица од постојната Матична книга на лица со постојан престој во Матичната книга на странци ex proprio motu, без никаква одлука или известување до засегнатите лица. Нема никаква законска основа за тие да преземат некакви дејствија. Законот за доказ за престој на населението и Матичната книга на населението, на кој се повикува Владата во своето образложение, не содржи никакви одредби за отстранување на лица со постојан престој од Матичната книга врз основ на самиот закон.
Ниту Владата е законски овластена да усвојува поединечни одлуки со кои се утврдува начинот на кој статутарните одредби треба да се спроведат. Врз основа на членот 120 од Уставот, обврските и функциите поврзани со јавната администрација треба да се спроведат независно и во секое време согласно и на начин доследен на Уставот и законот. Кога Владата утврдила дека Законот за странци исто така не можел да се применува за државјаните на другите републики требала да предложи законодавецот да ја регулира нивната правна позиција и не требала да се меша во законодавната надлежност со усвојување на одлука.
15. Од горенаведените причини, Законот за странци чии преодни одредби не го регулираат правниот статус на државјаните на други републики кои имаат постојан престој во Република Словенија и реално живееле на нејзината територија, ги прекршиле принципите на правната држава согласно членот 2 од Уставот. Од овие причини, државјаните на другите републики по истекувањето на роковите утврдени во став 2 од членот 81 се наоѓаат во несигурна правна позиција. Од текстот на преодните одредби, кои утврдуваат дека одредбите од Законот за странци треба да се применат, споменатите лица не можеле да сфатат каква би била нивната позиција како странци и кои законски одредби би важеле за нив. Соодветно на тоа Уставниот суд заклучува дека бидејќи правниот статус на државјаните на другите републики како странци не бил регулиран во Република Словенија, начелото на правна сигурност како едно од начелата на правната држава било повредено.
16. Начелото на правна сигурност на лицето му гарантира дека државата нема да ја влоши неговата правна позиција без оправдани причини. Беше сосема оправдано државјаните на другите републики кои не се одлучиле за словенечко државјанство да не очекуваат да се еднакви со странците коишто само што пристигнале во Република Словенија и дека тие би биле лишени од постојан престој без, во најмала рака, да добијат некакво известување за тоа. ...”
(б) Одлуката од 3 април 2003 г. (U-I-246/02)
215. Релевантните делови од одлуката на Уставниот суд од 3 април 2003 г. (види во параграфите 58-60 горе) го велат следново:
„На седница одржана на 3 април 2003 г. во постапка за разгледување на молби и во постапките за разгледување на уставноста иницирани врз основа на барањата на Здружението на Избришаните од Словенија, Птуј и други, претставени од М.К. ... и Н.М.П. ... Уставниот суд ја донесе следнава одлука:
1. Законот за регулирање на правниот статус на државјаните на другите земји наследнички на поранешната СФРЈ во Република Словенија (Службен весник на РС, бр. 61/99 и 64/01) не е доследен со Уставот, бидејќи не ги признава државјаните на другите републики на поранешната СФРЈ кои биле отстранети од Матичната книга на лица со постојан престој на 26 февруари 1992 г. дека имаат постојан престој од гореспоменатиот датум.
2. Законот за регулирање на правниот статус на државјаните на другите земји наследнички на поранешната СФРЈ во Република Словенија не е доследен со Уставот, бидејќи не го регулира стекнувањето на дозвола за постојан престој за државјаните на другите републики на поранешна СФРЈ како што се упатува во претходниот параграф чие присилно отстранување како странци било наложено согласно членот 28 од Законот за странци (Службен весник на РС, бр. 1/91-1 и 44/97).
3. Членот 1 од Законот за регулирање на правниот статус на државјаните на другите земји наследнички на поранешната СФРЈ во Република Словенија не е доследен со Уставот, заради причините што се спомнати во образложението на оваа одлука.
4. Ставовите 1 и 2 од член 2 од Законот за регулирање на правниот статус на државјаните на другите земји наследнички на поранешната СФРЈ во Република Словенија се укинуваат во делот во кој тие утврдуваат рок од три месеци за поднесување на барање за издавање на дозвола за постојан престој. ...
7. Законодавецот е обврзан да ја поправи неуставноста утврдена во параграфите 1, 2 и 3 од оперативните одредби во рок од шест месеци од датумот на објавување на оваа одлука во Службениот весник на Република Словенија.
8. Статусот на постојан престој за државјаните на други републики на поранешна СФРЈ со ова се утврдува од 26 февруари 1992 г. натаму доколку биле отстранети на тој ден од Матичната книга на лица со постојан престој со помош на дозвола за постојан престој издадена врз основа на Законот за регулирање на правниот статус на државјаните на другите земји наследнички на поранешната СФРЈ во Република Словенија, Законот за странци (Службен весник на РС, Бр. 1/91-1 и 44/97) или Законот за странци (Службен весник на РС, бр. 61/99). Министерството за внатрешни работи по службена должност мора да издаде дополнително решение за потврдување на нивниот постојан престој во Република Словенија од 26 февруари 1992 натаму.
Образложение:
...
15. Бидејќи оспорениот Закон не им овозможува на државјаните на другите републики да се стекнат со статус на постојан престој од денот кога не било официјално признато во нивниот случај [односно, кога таквиот статус им бил одземен] и на тој начин само делумно ја поправа утврдената недоследност, тој не е доследен со Уставот. Начелото на правна сигурност како едно од начелата на државата во која владее правото согласно членот 2 од Уставот бара позицијата на засегнатите лица во ниеден момент да не остане нерегулиран. Статусот на постојан престој е важен аспект на поврзување за барање на одредени права и правни бенефиции кои засегнатите лица не би можеле да ги бараат заради законски нерегулираните работи. Нивната позиција во Република Словенија била правно несигурна заради нерегулираните прашања, бидејќи со стекнувањето на статусот на странец тие го изгубиле својот статус на постојан престој на територијата на Република Словенија и се нашле во нерегулирана позиција или во основа во полоша правна позиција (на пример со статус на привремен престој), која траела, во случајот на некои од негативно погодените лица, дури и десет години. Од препораката на народното Собрание дадена во контекст на 7-миот годишен извештај на Народниот правобранител за човекови права за 2001 г. (Службен весник на РС, бр. 2/03), следи дека прашањето на правната позиција на таквите државјани на другите републики и понатаму бара законско регулирање. ...
22. Што се однесува до фактот дека нивниот статус на постојан престој не бил признат на денот кога нивниот правен статус, по стекнувањето на независност на Република Словенија, се сменил во [различен] статус на странец, државјаните на другите републики не можеле да афирмираат одредени права на кои во спротивно би имале право како странци со постојан престој во Република Словенија. Подносителите експлицитно не ги дефинирале овие права; меѓутоа од одлуките на Уставниот суд следи дека овие се однесувале особено на правото на исплата на воена пензија, правото на социјална помош и можноста за обнова на возачката дозвола. ...”
...
ПРАВОТО
I. ПРЕЛИМИНАРНИ ПРАШАЊА
...
В. Приговор на Владата за отсуство на статус на жртва
243. Владата се изјасни дека шесте жалители (г-динот Куриќ, г-ѓата Мезга, г-динот Ристановиќ, г-динот Бериша, г-динот Адеми и г-динот Миниќ) на кои им биле доделени и ex nunc и ex tunc дозволи за постојан престој после пресудата на Судскиот совет во 2010 г. (види во параграфите 95, 123, 133, 158, 173 и 194 горе) повеќе не можеле да тврдат дека се „жртви“ на фактите на кои се жалат во рамките на значењето на членот 34 од Уставот.
244. Жалителите го оспорија овој став.
1. Аргументи на странките
(а) Владата
245. Владата тврдеше дека бил непобитен факт дека „бришењето“ било незаконско и довело до неуставна состојба. Република Словенија го признала ова како на симболично така и на правно ниво. На 15 јуни 2010 претседателот на Народното Собрание јавно им се извинил на „избришаните“ како што сторил и министерот за внатрешни на 22 јуни 2010 г. (види во параграф 75 горе). Што се однесува до правното ниво од 1999 г. натаму Уставниот суд во неколку прилики одлучил дека „бришењето“ било неуставно (види во параграфите 41-48, 52-56, 58-60 и 214-215 горе). Затоа тврдењето на жалителите дека Република Словенија продолжила да ја отфрла незаконитоста на „бришењето“ било неточно. Значителни активности се преземени за целосно придржување кон одлуките на Уставниот суд и за да се обесштети незаконитоста и неуставноста на „бришењето“.
246. Изменетиот и дополнет Закон за правен статус, кој бил усвоен на 8 март 2010 г. и стапил на сила на 24 јули 2010 г. (види во параграфите 71, 76-79 и 211 горе), ги отстранил останатите неуставности во домашното законодавство нудејќи им на жалителите кои сè уште го немале регулирано својот правен статус можност за барање на ex nunc и ex tunc дозволи за престој. Со овој посебен правен лек, законодавецот обезбедил морален надоместок како посебна форма на обесштетување на последиците од повредите кои произлегле од „бришењето“.
247. Што се однесува до шесте жалители (г-динот Куриќ, г-ѓата Мезга, г-динот Ристановиќ, г-динот Бериша, г-динот Адеми и г-динот Миниќ) на кои им биле доделени и ex nunc и ex tunc дозволи за постојан престој после пресудата на Судскиот совет, нивниот статус бил еквивалентен на тој на г-динот Петреш и г-динот Јовановиќ, за кои Судскиот совет сметалдека го изгубиле својот статус на „жртва“. Затоа жалбата во однос на нив требала да се прогласи за недопуштена.
248. Истото требало да важи и за останатите жалители (г-динот Дабетиќ и г-ѓата Ристановиќ), кои никогаш не иницирале постапки во Словенија во однос на барањата на дозволи за постојан престој.
249. Спротивно на она што тврделе жалителите, дозволата за постојан престој дефинитивно не била само „безвредно парче хартија“. Таа го поврзувало носителот со дваесет и седум различни права на полето на социјалната заштита, вклучително и правото на пензија, здравствена заштита и пристап на пазарот на трудот. Што се однесува до тие права, лицата со постојан престој не биле ставени на исто ниво како и словенечките државјани. Тие не ги уживале истите политички права, но можеле да гласаат на локалните избори.
250. Што се однесува до побарувањата за надоместок, членот 26 од Уставот (види во параграф 203 горе) го уредувал правото за надоместок за штета предизвикана од цивилните власти. Жалителите и други „избришани“ лица имале можност за покренување на цивилни постапки за да бараат надоместок за материјална и нематеријална штета согласно Законикот за облигации од 2001 г. и во крајна линија можело да се поднесе уставна жалба. Во параграф 43 од својата одлука од 10 јуни 2010 г. Уставниот суд одлучил дека „усвојувањето на одлуки врз основа на Законот за правен статус и изменетиот и дополнет Закон за правен статус сами по себе не значеле нов вид на одговорност на државата за штета или нова правна основа за спроведување на барањата за обесштетување“ (види во параграф 74 горе). Барањето на обесштетување исто така било можно согласно член 14 од Законот за државно правобранителство (види во параграф 213 горе).
251. Во своите поднесоци по расправата, Владата се потпираше на одлуката на Уставниот суд од 5 јули 2011 г. во еден од случаите изнесени од страна на „избришаните“ од што следело дека Уставниот суд сè уште немал заземено став по прашањето на одговорноста на државата за штетата предизвикана со „бришењето“ (види во параграф 82 горе). Дополнително, на 26 септември 2011 г. Уставниот суд не прифатил да ја разгледа уставната жалба поднесена од еден од „избришаните“ (види во параграф 83 горе).
252. Владата забележа дека ниеден од жалителите не барал надоместок пред домашните судови. Само г-динот Бериша и г-динот Миниќ поднеле барања за обесштетување пред Државното правобранителство, кои биле одбиени. Г-динот Бериша не иницирал судска постапка (види во параграф 160 горе).
(б) Жалителите
253. Шесте жалители на кои им биле доделени и ex nunc и ex tunc дозволи за престој во текот на постапките пред Големиот судски совет останаа на гледиштето дека се „жртви“ на повреди на човековите права предизвикани од „бришењето“ бидејќи не добиле никакво соодветно обесштетување за повредите на Конвенцијата.
254. Иако следеше од претходната судска пракса и исто така од некои подоцнежни одлуки дека жалителот не можел да престане да биде „жртва“ доколку се обезбедел правен лек во текот на постапките (тие ги цитираа, Maaouia v. France (dec.), no. 39652/98, ECHR 1999‑II; Pančenko v. Latvia (dec.), no. 40772/98, 28 October 1999; и Mikheyeva v. Latvia (dec.), no. 50029/99, 12 September 2002), поновата судска пракса согласно член 8 од Конвенцијата јасно посочува дека признавањето на повредата не е доволно во оваа смисла; исто така се потребни „адекватна“ отштета, вклучително и обесштетување за негативните последици кои ги трпеле жалителите подолго време (тие ги цитираа Аристимуњо Мендизабал, цитиран горе, § 79; Mengesha Kimfe v. Switzerland, no. 24404/05, §§ 41-49, 29 July 2010; и Agraw v. Switzerland, no. 3295/06, §§ 27-34, 29 July 2010). Судот исто така направи разлика и меѓу случаите кои вклучуваат депортирање на лицата кои не се државјани и оние каде жалителот не го регулирал правниот статус подолго време. Во првата категорија на случаи жалителот повеќе не можел да тврди дека е „жртва“ доколку мерката за депортирање не била спроведена или доколку му била издадена дозвола за престој (жалителот упатуваше на Сисојева и други, цитиран горе, § 100, и Кафтаилова, цитиран горе, §§ 52‑54). Од друга страна, во втората категорија на случаи (Аристимуњо Мендизабал, Менгеша Кимфе и Агро, цитирани горе) Судот јасно се изјаснил дека издавањето на дозволи за престој не било доволно, особено со оглед дека тоа колку време поминало додека ги добиле. Актуелната жалба била послична на втората категорија на случаи.
255. Издавањето на дозволи за престој на шесте жалители, што била мерка за спречување на продолжување на повредата, не може да се смета за признание од страна на словенечките власти – барем не во суштина – на повредата на која се однесува жалбата. Властите продолжиле да отфрлаат дека нивните дејствија биле нелегални. Овде, за разлика од летонскиот случај, лишувањето од статусот на постојан престој било спроведено со флагрантно кршење на домашното право. Конечно, ретроактивната природа на дозволите за постојан престој останале само на деклараторно ниво бидејќи жалителите не можеле да добија соодветно обесштетување согласно домашното законодавство. Од тие причини дозволите биле „само парче хартија“.
256. Што се однесува до г-динот Дабетиќ и г-ѓата Ристановиќ државата требала да го регулира нивниот статус ex proprio motu со издавање на соодветна дозвола за престој согласно одлуките на Уставниот суд.
257. Конечно, што се однесува до прашањето на материјалното и нематеријалното обесштетување, изменетиот и дополнет Закон за правен статус не содржел никакви посебни одредби. Исто така, барањето на отштета пред домашните судови врз основа на ординарните правила на одговорност заради нанесување на штета практично би било невозможно. Според најновите статистички податоци до мај 2011 г. Министерството обработило 157 барања за надоместок. Од нив четириесет и едно барање биле отфрлени од домашните судови со правосилна одлука. Само петнаесет биле оспорени пред Врховниот суд и пет од нив биле отфрлени. Дополнително осум од „избришаните“ иницирале барања директно пред судовите. Ниедно од нив не било успешно (види во параграф 83 горе). Главната причина за одбивање на барањата била примената на статутарни ограничувања согласно Законикот за облигации: три години откако жртвата ќе дознае за штетата и пет години по настанувањето на штетата. Домашните судови сметале дека вториот датум бил 12 март 1999 г., кога била објавена првата водечка одлука на Уставниот суд во Службен весник.
2. Пресудата на Судскиот совет
258. Судскиот совет немаше можност да одлучи по ова барање кое беше поврзано со факти кои настанале по усвојувањето на неговата пресуда (види во параграф 243 горе).
3. Проценка на Големиот судски совет
259. Судот повторува дека најпрво националните власти се тие кои треба да обесштетат секакви наводни повреди на Конвенцијата. Во оваа насока, прашањето дали жалителот може да тврди дека е „жртва“ на повредата која се тврди е релевантно во сите фази од постапката согласно Конвенцијата (види, inter alia, Burdov v. Russia, no. 59498/00, § 30, ECHR 2002-III). Една одлука или мерка наклонета кон жалителот не е во принцип доволна за да го лиши од неговиот статус на „жртва“ за потребите на членот 34 од Конвенцијата освен ако националните власти не признале, било изречно или во суштина, и потоа доделиле обесштетување заради повреда на Конвенцијата (види, на пример, Eckle v. Germany, 15 July 1982, §§ 69 et seq., Series A no. 51; Dalban v. Romania [GC], no. 28114/95, § 44, ECHR 1999-VI; Scordino v. Italy (no. 1) [GC], no. 36813/97, §§ 179-180, ECHR 2006‑V; и Gäfgen v. Germany [GC], no. 22978/05, § 115, ECHR 2010).
260. Што се однесува до обесштетувањето кое е „соодветно“ и „доволно“ за да се исправи повредата на право од Конвенцијата на национално ниво, Судот генерално сметаше дека ова зависи од сите околности на случајот, имајќи ја во предвид особено природата на повредата на Конвенцијата што е во прашање (види, на пример, Гафген, цитиран горе, § 116).
261. Судот одлучи во низа од случаите согласно членот 8 од Конвенцијата што се однесува до депортирањето или екстрадицијата на лицата што не се државјани дека регулирањето на престојот на еден барател или фактот дека жалителот повеќе не бил под закана да биде депортиран или екстрадиран – дури и ако случајот сè уште чека пред Судот – било „доволно“ во принцип за да ја исправи жалбата согласно членот 8 (види Панченко, цитиран горе; Yang Chun Jin alias Yang Xiaolin v. Hungary (striking out), no. 58073/00, §§ 20-23, 8 March 2001; Микејева, цитиран горе; Fjodorova and Others v. Latvia (dec.), no. 69405/01, 6 April 2006; Сисојева и други, цитиран горе, §§ 102-104; Шеванова, цитиран горе, §§ 48-50; и Кафтаилова, цитиран горе, §§ 52-54).
262. Исто така, Судот веќе во една прилика посочи во контекст на различни членови на Конвенцијата дека статусот на „жртва“ на жалителот исто така може да зависи од нивото на надоместок што ќе му се додели на домашно ниво, кога тоа е можно, или во најмала рака од можноста да се бара и добие надоместок за претрпената штета, со оглед на фактите на кои тој или таа се жали пред Судот (види, на пример, Гафген, цитиран горе, § 118, во однос на жалбата согласно членот 3; Normann v. Denmark (dec.), no. 44704/98, 14 June 2001, и Скордино (бр. 1), цитиран горе, § 202, во однос на жалбата согласно членот 6; Jensen and Rasmussen v. Denmark (dec.), no. 52620/99, 20 March 2003, во однос на жалбата согласно членот 11). Овој наод важи, mutatis mutandis, за жалби во врска со повредата на членот 8.
263. Осврнувајќи на актуелниот случај, Големиот судски совет повторува дека нема јуриздикција во однос на жалбите на г-динот Петреш и г-динот Јовановиќ, бидејќи од Судскиот совет биле прогласени за недопуштени по издавањето на ex tunc дозволите за престој.
264. Меѓутоа, такво процедурално ограничување не се јавува во однос на г-динот Куриќ, г-ѓата Мезга, г-динот Ристановиќ, г-динот Бериша, г-динот Адеми и г-динот Миниќ. Големиот судски совет затоа има јуриздикција да испита дали, без разлика на издавањето на ex nunc и ex tunc дозволите за престој, овие шестмина жалители можат и понатаму да тврдат дека се жртви на наводни повреди. Ваквото испитување затоа може да води кон заклучоци кои се разликуваат од оние до кои дошол Судскиот совет во однос на г-динот Петреш и г-динот Јовановиќ, и покрај сличноста на фактите во прашање. Меѓутоа, таквиот резултат е неизбежна последица на ограничениот опсег на јуриздикцијата на Големиот судски совет ...
265. Големиот судски совет смета дека првиот услов за губењето на статус на жртва, признавање на повредата од страна на националните власти, бил исполнет. Управните органи им доделиле дозволи за постојан престој на шесте жалители по одлуките на Уставниот суд во кои се утврдува дека постојното законодавство е неуставно и откако биле усвоени измени и дополнувања на Законот за правен статус. Исто така, во јуни 2010 г. имало службено признавање на повреда на правата на жалителите од страна на Владата и Парламентот. Затоа наодот за повреда од страна на националните власти е суштински (види, mutatis mutandis, Скордино (бр. 1), цитиран горе, § 194).
266. Понатаму, Големиот судски совет забележува дека неколку други случаи во врска со регулирањето на статусот на странци, вклучително случаите кои вклучуваат споредливи околности на распаѓање на државата претходник, Судот одлучил дека жалителите повеќе не биле жртви на наводна повреда на Конвенцијата по издавањето на дозвола и ги прогласил нивните жалби за недопуштени или утврдил дека аранжманите за регулирање кои им биле ставени на располагање на жалителите претставувале „соодветен“ и „доволен“ правен лек за нивните жалби согласно членот 8 од Конвенцијата и на тој начин одлучил да ги тргне случаите од својата листа. Фактот дека жалителите повеќе не биле соочени со ризик да бидат депортирани исто така бил земен во предвид од страна на Судот (види Панченко, цитиран горе; Микејева, цитиран горе; Фјодорова и други, цитиран горе; Сисојева и други, цитиран горе, §§ 102-104; Шеванова, цитиран горе, §§ 48-50; и Кафтаилова, цитиран горе, § 54). Меѓутоа во некои од овие случаи, Судот забележа дека жалителите биле барем делумно одговорни за проблемите со кои биле соочени при регулирањето на нивниот статус (види Шеванова, цитиран горе, §§ 47; Кафтаилова, цитиран горе, § 50; и Сисојева и други, цитиран горе, § 94).
267. Меѓутоа, со оглед на оние случаи што се поврзани со конкретни проблеми, Големиот судски совет утврдува дека една од карактеристиките на актуелниот случај е широко распространета грижа креирана од „избришаните“. Исто така, оваа ситуација траеше речиси дваесет години за повеќето од жалителите и покрај водечките одлуки на Уставниот суд, кои и самите не биле почитувани повеќе од цела деценија (види Макуц и други, цитиран горе, § 168). Со оглед на овој подолг период во кој жалителите се чувствувале небезбедно и правно несигурни и со оглед на сериозноста на последиците од „бришењето“ по нив, Големиот судски совет, за разлика од Судскиот совет, смета дека признавањето на прекршувањето на човековите права и издавањето на дозволи за постојан престој на г-динот Куриќ, г-ѓата Мезга, г-динот Ристановиќ, г-динот Бериша, г-динот Адеми и г-динот Миниќ не претставувало „соодветно“ и „доволно“ обесштетување на национално ниво (види, mutatis mutandis, Аристимуњо Мендизабал, цитиран горе, §§ 67-69 и 70-72; Менгеша Кимфе, цитиран горе, §§ 41-47 и 67-72; и Агро, цитиран горе, §§ 30-32 и 50-55).
268. Што се однесува до можноста да се бара и добие надоместок на домашно ниво (види во параграфите 250-252 и 257 горе), Судот забележува дека никому од „избришаните“ до сега не му бил доделен надоместок во конечна и обврзувачка пресуда за претрпената штета, иако неколку групи на постапки во моментов се на листа на чекање (види во параграф 83 горе). Исто така ниеден од жалителите до сега не бил успешен пред Државното правобранителство во своите барања за надоместок. Затоа нивните шанси за надоместок во Словенија, сега за сега, се чини дека се премногу мали за да бидат релевантни за потребите на актуелниот случај (види, mutatis mutandis, Далбан, цитиран горе, § 44).
269. Како заклучок, Судот одлучи дека шесте жалители на кои им биле доделени и ex nunc и ex tunc дозволи за постојан престој во текот на постапките пред Големиот судски совет и понатаму можат да тврдат дека се „жртви“ на наведените повреди. Соодветно на тоа, прелиминарниот приговор на Владата во овој контекст е отфрлен.
270. И конечно што се однесува до тврдењето на Владата дека не постои статус на „жртва“ што се однесува до преостанатите жалители (г-динот Дабетиќ и г-ѓата Ристановиќ), кои никогаш не започнале соодветни постапки во Словенија со оглед дека им биле дадени дозволи за постојан престој, Судот утврди дека не е неопходно да се испита со оглед дека овие жалби на жалителите во секој случај се недопуштени заради неисцрпувањето на домашните правни лекови (види во параграфите 293-294 долу).
...
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
314. Жалителите тврдеа дека биле своеволно лишени од можноста да го сочуваат својот статус како лица со постојан престој во Словенија. Тие се повикаа на членот 8 од Конвенцијата во кој се вели следново:
„1. Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, или економската благосостојба на земјата, спречување на нереди или кривично дело, заштитата на здравјето или моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.“
А. Аргументи на странките
1. Жалителите
315. Жалителите тврдеа дека тие не биле во позиција да поднесат официјално барање за државјанство во краткиот период утврден во домашното законодавство. Како резултат на тоа на 26 февруари 1992 г. нивните имиња биле незаконски „избришани“ од Матичната книга. Жалителите г-динот Куриќ, г–динот Дабетиќ, а на почетокот и г-динот Адеми исто така не можеле да се стекнат со државјанство на некоја од другите држави наследнички на СФРЈ и станале де факто лица без државјанство. Последователно, жалителите не биле во позиција успешно да побараат постојан престој во Словенија сè до стапувањето на сила на изменетиот и дополнет Закон за правен статус во 2010 г.
316. Пред Судскиот совет, жалителите се изјасниле дека одредбите од Законот за странци не биле ниту достапни ниту предвидливи во однос на делувањето. Што се однесува до достапноста, властите не успеале да обезбедат соодветни и детални информации на сите засегнати лица. Што се однесува до предвидливоста, Законот за странци експлицитно не се однесува на „избришаните“ бидејќи е дизајниран да го регулира статусот на нелегални странци. Дополнително, жалителите го сметале севкупното однесување на словенечките власти како своеволно. Попречувањето на кое се жалеле не било сразмерно со целта по која наводно се воделе, имено контролата на влезот и престојот на странци бидејќи жалителите имале постојан престој во Словенија во времето на нејзиното осамостојување.
317. Жалителите во основа се согласија со наодите со Судскиот совет и апелирале пасивниот однос на Владата да биде построго стигматизиран. Тие се изјаснија дека тие не биле соодветно информирани за последиците од тоа што немале успех во барањето на словенечко државјанство; јавните повици и написи во весниците не биле доволни. „Бришењето“ било спроведено своеволно, без никаква законска основа и во тајност и се однесувало на 25.671 лица.
318. Дури во 1999 г. по одлуката на Уставниот суд „избришаните“ започнале да откриваат што навистина се случило. Во годините што следеле одлуките на Уставниот суд систематски и намерно биле игнорирани од страна на Владата и Парламентот. Новата законска рамка – изменетиот и дополнет Закон за правен статус – бил усвоен единаесет години по првата водечка одлука за незаконитоста на „бришењето“ и седум години по втората водечка одлука. Спротивно на Владата, жалителите се изјаснија дека никаква позначајна промена не се случила во политиката на словенечките власти по усвојувањето на тој Закон.
319. „Избришаните“ не само што немале пристап до словенечко државјанство туку исто така биле лишени од секаков правен статус кој давал „право да се има права“. Ова било сериозна повреда на човековото достоинство. „Бришењето“ непоправливо влијаело на нивниот приватен или семеен живот или обата согласно членот 8 од Конвенцијата, што исто така го штитело правото на утврдување на поединости од идентитетот на едно човечко суштество (жалителите ги цитираа, inter alia, Christine Goodwin v. the United Kingdom [GC], no. 28957/95, § 90, ECHR 2002‑VI, и Mikulić v. Croatia, no. 53176/99, § 53, ECHR 2002‑I). Од граѓани кои целосно поседувале права, тие преку ноќ станале нелегални странци; некои од нив станале и лица без државјанство, и живееле дваесет години во апсолутно несигурна ситуација и биле сериозно попречени во целост да ги уживаат своите основни човекови права. Проблемите кои „избришаните“ морале да ги надминат се илустрирани низ личните приказни на жалителите.
320. Владата продолжи да ја минимизира незаконитоста и своеволноста на „бришењето“. Слабоста на аргументот на Владата дека присуството на „избришаните“ било толерирано беше посочена со фактот дека многумина биле насилно депортирани од Словенија, вклучително и петмина од жалителите во случајов.
321. Владата исто така ги минимизираше последиците кои настанале од одлуките на Уставниот суд од 1999 и 2003 г. Претходната законска рамка или нејзиното спроведување или обете од страна на надлежните управни органи било јасно несоодветно. Повеќето од жалителите се стекнале со своите дозволи за престој неодамна согласно изменетиот Закон за правен статус. И покрај тоа нивната ситуација и натаму не била решена во отсуство на некакво финансиско обесштетување.
322. Што се однесува до изменетиот и дополнет Закон за правен статус, досега биле дадени само триесет дозволи. Според официјалните податоци, приближно 13,000 од „избришаните“ и понатаму чекале ситуацијата да се реши. Затоа било јасно дека последиците од пресудата на Судот би оделе подалеку од актуелната ситуација на секој од жалителите со оглед дека пресудата би се однесувала на целата категорија „избришани“.
323. Што се однесува до критиките на Владата во однос на наодите на Судскиот совет во врска со непоседувањето на државјанство, судскиот Совет во секој случај не пресудил дека „бришењето“ како такво предизвикало непоседување на државјанство или дека повредите на правата на жалителите потекнувале од нивното немање државјанство туку било забележано како неспорен објективен факт. Жалителите веруваа дека Судскиот совет требал да оди подалеку во оценувањето на реалното влијание на „бришењето“ врз граѓанските права, земајќи ги во предвид релевантните материјални и процедурални правила на меѓународното право во врска со избегнувањето на состојба на немањето на државјанство. „Бришењето“ создало фактичка ситуација во која за жалителите било многу потешко и по некогаш невозможно да го регулираат своето државјанство во согласност со релевантното законодавство било во Словенија или во другите поранешни републики на СФРЈ.
324. Претпоставката на Владата дека секој државјанин на поранешна СФРЈ требал да си го задржи своето претходно републичко државјанство не била во целост точна. Имало многу пријавени случаи кои го покажувале спротивното, како тој на г-динот Дабетиќ (види во параграф 97 горе). Г-динот Адеми дури неодамна, во август 2010 г. добил македонски пасош (види во параграф 172 горе). Владата не успеала да даде некакви размислувања за целата ситуација кога едно лице немало државјанство на ниедна република. Ова се случувало особено со лица родени во Словенија чии родители имале државјанство на друга република или воопшто немале републичко државјанство. Од 1968 г. праксата била државјанството на лицето да се внесе во матичните книги што се воделе во Словенија, но честопати во пракса релевантните податоци не биле пријавувани во републиката на потекло и покрај постојната законска регулатива. Во времето на распадот на СФРЈ Владата имала обврска на сите лица кои живееле во Словенија да им дозволи да изберат дали ќе земат словенечко државјанство или дозвола за престој.
2. Владата
325. Пред Судскиот совет Владата се изјасни дека настаните во 1991 г. вклучувале и историско креирање на нова држава и дека од тие причини било неопходно од една страна брзо да се воспостави корпус на државјани со оглед на парламентарните избори, а од друга страна да се регулира статусот на странците, вклучително и на оние што биле државјани на другите поранешни републики на СФРЈ со постојан престој во Словенија. Ваквото важно време за формирањето на нова држава барало брзо усвојување на одлуки заради општествената потреба што притискала. Согласно и Изјавата за добри намери и законодавството за осамостојување (види во параграфите 21-22 и 24-25 горе) Република Словенија им дозволила на државјаните на другите поранешни републики на СФРЈ со постојан престој на нејзината територија да се стекнат со словенечко државјанство преку натурализација под особено поволни услови. Оние кои не ја искористиле оваа можност станале странци и требале да го регулираат својот статус. Во сферата на имиграцијата, државата имала право не само да го регулира престојот на странците туку исто така и мерките за одвраќање како што е депортирање. Затоа било потребно да се усвои соодветно законодавство кое им било достапно на жалителите и предвидливо во делувањето со цел да обезбеди јавна безбедност. Таквото законодавство било неопходно во едно демократско општество и сразмерно на поставените цели.
326. Пред Големиот судски совет Владата призна дека „бришењето“ било нелегално и водело кон неуставна состојба. Тие во целост се придржувале на одлуките на Уставниот суд во последните години за да се поправат последиците од „бришењето“: на 24 јули 2010 г. изменетиот и дополнет Закон за правен статус стапил на сила, а во 2009 г. по промената на владата Министерството продолжило со издавање на ex tunc дозволи за постојан престој. Исто така различни медиуми биле користени за да се информираат „избришаните“ (на пример, брошура, интернет и бесплатна телефонска линија). Пресудата на Судскиот совет не успеала да им даде доволно тежина на овие активности.
327. Во 1991 г. жалителите веќе биле доволно информирани преку објавувањата во Службен весник и во печатот за можноста за регулирање на нивниот статус и на потребата од стекнување на дозвола за постојан или привремен престој доколку тие сакале да продолжат да живеат во Словенија согласно општите одредби на Законот за странци (членот 16). Меѓу 1992 г. и 1997 г. вкупно 4.893 дозволи од таков вид биле издадени и релевантните услови биле протолкувани на наклонет начин. Приближно 12.500 дозволи за постојан престој биле одобрени согласно Законот за правен статус и изменетиот Закон за правен статус (види во параграфите 67, 76 и 80 горе).
328. Понатаму, иако членот 8 од Конвенцијата не можел да се протолкува како гаранција на правото на одреден вид на дозвола за престој, и иако изборот што се однесува на најсоодветните средства за постигнување на почитување на правата кои се вградени во Конвенцијата било прашање исклучиво за домашните власти (Владата го цитираше Сисојева и други, цитиран горе, § 91), Република Словенија одлучила да им додели на „избришаните“ дозволи за ретроактивен постојан престој како најповолен правен статус за странци. Ова го надминувало минимумот што се барал со Конвенцијата.
329. Владата особено ги оспори изјавите содржани во пресудата на Судскиот совет во врска со прашањето на немањето на државјанство. Тие нагласија дека „бришењето“ резултирало само со прекинување на евидентираниот постојан престој и немало никакво влијание врз државјанството на лицето. Затоа, наодите на Судскиот совет по ова прашање биле законски и материјално неточни.
330. Тие упатија на концептот на „двојно државјанство“: во принцип, сите државјани на СФРЈ имале државјанство на една од републиките. Со оглед дека системот на СФРЈ не дозволувал немање на државјанство, распадот на СФРЈ не требал да создаде такво нешто.
3. Третите странки
331. Отворено општество-Иницијативата за правда се изјасни дека процес со кој поединци се изложени на ризик од своеволно одлучување да не добијат државјанство и да станат лица без државјанство имало толку длабоки последици врз жртвите поради што дошло до повреда на членот 8 од Конвенцијата. Според податоците на УНХЦР на крајот од 2009 г. во Словенија живееле 4.090 државјани на поранешна СФРЈ кои биле „избришани“ во 1992 г. и станале лица без државјанство. Според студија на Европската унија после 2002 г. само пет лица без државјанство биле натурализирани во Словенија.
332. Согласно обичајното меѓународно право постоела позитивна обврска да се избегнува немање државјанство и да се подобри состојбата на оние кои останале без државјанство, особено во случајот на земјите наследнички. Лицата без државјанство биле маргинализирани и особено ранливи. Отвореното општество - Иницијативата за правда се потпираше на одредбите од Европската конвенција за државјанство која става посебен акцент врз важноста на вообичаеното место на живеење во правилата за државјанство, поимот на „вистинска и ефективна врска“ и обврската на државата да го олесни стекнувањето на државјанство за лицата без државјанство коишто живеат на нејзината територија со посебен акцент на децата.
333. Исто така, Конвенцијата на Советот на Европа за избегнување на немање на државјанство во врска со сукцесијата на државата стапи на сила на 1 август 2010 г. Во извештајот со појаснување се вели дека избегнувањето на немање на државјанство формира дел од обичајното меѓународно право што е обврзувачко за Словенија, иако таа го нема ратификувано овој договор.
334. Сериозни прашања поврзани со немањето на државјанство се јавиле во контекст на земјите наследнички на СФРЈ. Од групата на „избришаните“ во Словенија значителен број останале без државјанство. Фактот дека земјите наследнички на СФРЈ избрале да доделат државјанство врз основа на листи на имиња во нивните матични книги за републичкото државјанство имало низа последици: некои поранешни државјани на СФРЈ не поседувале или не можеле да го докажат своето републичко државјанство од различни причини (уништување на документи или регистри или обете во услови на вооружен конфликт, неможност да добијат потврда за нивното републичко државјанство во местото на раѓање, итн.). УНХЦР повеќе години имала поголеми информативни програми и програми за правна помош во пет од земјите наследнички. Состојбата несразмерно ги погаѓала ранливите групи, особено малцинските групи од другите поранешни републики и ромското население.
335. Напорите на Владата за регулирање на статусот на „избришаните“ преку издавање на дозволи ex proprio motu и со спроведување на изменетиот и дополнет Закон беа поздравени. Меѓутоа, УНХЦР и понатаму се загрижени дека реформите не дозволиле сите оние што биле погодени од „бришењето“ да добијат дозвола за постојан престој и државјанство заради тешките услови што биле наметнати. Третата странка што интервенираше во основа се согласи со поднесоците на Отворено Општество - Иницијатива за правда.
Б. Пресуда на Судскиот совет
336. Судскиот совет забележла дека пред 1991 жалителите поседувале легален постојан престој на словенечка територија согласно законите на СФРЈ кои се применувале во материјалното време повеќе години, а поголемиот дел и со децении и имале посилен статус на престој отколку долгорочните мигранти. Сите тие поминале значителен дел од своите животи во Словенија и таму развиле мрежа на лични, социјални, културни, лингвистички и економски врски кои го прават приватниот живот на секој еден човек; повеќето од нив формирале и семејства во Словенија или одржувале врски со своите семејства кои живееле таму.
337. Судскиот совет заклучилдека од тие причини жалителите имале приватен или семеен живот или и обата во Словенија во материјалното време во рамките на значењето на членот 8 § 1 од Конвенцијата. Исто така, последиците од „бришењето“ и продолженото одбивање од страна на словенечките власти сеопфатно да ја регулираат состојбата која претставувала попречување на остварувањето на нивните права согласно членот 8 од Конвенцијата, особено во случаите на немање на државјанство (види во параграфите 348-361 од пресудата на Судскиот совет).
338. Што се однесува до тоа дали попречувањето било „во согласност со законот“ според став 2 од членот 8, Судскиот совет одлучил дека Уставниот суд утврдил дека „бришењето“ било незаконско и не гледал причини да донесе одлука различна од онаа на судот. Затоа Судскиот совет одлучил дека имало повреда на членот 8, исто така и во контекст на релевантните стандарди на меѓународното право насочени кон избегнување на немањето државјанство, особено во ситуација на сукцесија на држава (види во параграфите 362-376 од пресудата на Судскиот совет).
В. Проценка на Големиот судски совет
1. Дали членот 8 бил применет за жалбите на жалителите
339. Големиот судски совет забележува на самиот почеток дека Владата не оспорила пред него дека „бришењето“ и неговите последици имале негативни последици по жалителите и дека тоа достигнало ниво на попречување на нивниот „приватен или семеен живот“ или обата во рамките на значењето на членот 8 § 1 од Конвенцијата (види Slivenko v. Latvia [GC], no. 48321/99, § 96, ECHR 2003‑X). Со оглед на аргументите на двете страни, Големиот судски совет не гледа причина да се оддалечи од наодите на Судскиот совет дека иако „бришењето“ било спроведено пред 28 јуни 1994 г. кога Конвенцијата стапила на сила во однос на Словенија, жалителите имале приватен или семеен живот или двата во Словенија во рамките на значењето на членот 8 § 1од Конвенцијата во материјалното време, и дека „бришењето“ ги попречило нивните права согласно членот 8 и продолжува да го прави тоа (види во параграф 337 горе).
340. Останува да се испита дали попречувањето било компатибилно со вториот став од членот 8 од Конвенцијата, односно дали било во согласност со законот „согласно законот“ и во насока на остварување на една или повеќе од законските цели кои се набројани во тој став а кои биле „неопходни во едно демократско општество“.
2. Оправдување на попречувањето
(a) Дали попречувањето било „во согласност со законот“?
341. Согласно утврдената судска пракса изразот „во согласност со законот“ бара оспорените мерки да имаат некаква основа во домашното право и исто така упатува на квалитетот на законот во прашање, со услов истиот да биде достапен на засегнатото лице и предвидлив што се однесува до последиците (види Amann v. Switzerland [GC], no. 27798/95, § 50, ECHR 2000-II, и Сливенко, цитиран горе, § 100).
342. Судот забележува дека „бришењето“ на имињата на жалителите од Матичната книга заедно со имињата на повеќе од 25,000 други поранешни државјани на СФРЈ настанало како резултат на заедничка последица од два члена на законодавството за осамостојување кое било усвоено на 25 јуни 1991 г: членот 40 од Законот за државјанство и членот 81 од Законот за странци (види во параграф 25 и 27 горе). Оние поранешни државјани на СФРЈ со државјанство на некоја од другите републики и со постојан престој во Словенија кои не успеале да поднесат барања за словенечко државјанство до 25 декември 1991 г. или чии барања биле одбиени потпаднале под вториот став од членот 81 од Законот за странци. На 26 февруари 1992 г. кога втората одредба станала директно применлива жалителите станале странци.
343. Судот смета дека членот 40 од Законот за државјанство и членот 81 од Законот за странци биле правни инструменти кои биле достапни на сите заинтересирани лица. Жалителите затоа можеле да предвидат дека доколку не поднесат барање за словенечко државјанство тие би биле третирани како странци. Меѓутоа, според мислењето на Судот од нив не можело реално да се очекува, во отсуство на некаква клаузула во таа насока, дека нивниот статус на странци би вклучувал незаконитост во нивниот престој на словенечка територија и би довел до такви екстремни мерки како што е „бришење“. Во оваа насока треба да се потсетиме дека „бришењето“ било спроведено автоматски и без претходно известување. Ниту пак на жалителите им била дадена шанса да го оспорат истото пред домашните надлежните власти или да дадат објаснувања за причините зошто не поднеле барање за словенечко државјанство. Отсуството на секакво известување или лично информирање можело да ги доведе да веруваат дека нивниот статус на лица со престој останал неизменет и дека тие можеле да продолжат да живеат и работат во Словенија, како што и правеле неколку години. Навистина тие сосема случајно дознале за „бришењето“ (види во параграфите 89, 111, 126, 137, 162 и 177 горе). Затоа се наметнуваат сериозни сомнежи во врска со предвидливоста на мерката на која се жалат.
344. Исто така Судот не може а да не стави значителна тежина на фактот дека во својата водечка одлука од 4 февруари 1999 г. Уставниот суд одлучил дека префрлањето на имињата на „избришаните“ од Матичната книга на лица со постојан престој во Матичната книга на странци без дозвола за престој немало никаква правна основа; ниту Законот за странци, ниту Законот за доказ за престој на жителите и за евиденција на населението не регулирале такво ex lege одјавување и префрлање (види во параграфите 41 и 214 горе). Исто така, Уставниот суд одлучил дека ниедна правна одредба не го регулирала трансформирањето на правниот статус на „избришаните“ во статус на странци кои живеат во Словенија; членовите 13 и 16 од Законот за странци (види во параграф 207 горе) биле креирани за странци кои влегувале во Словенија и затоа не биле применливи за жалителите (види во параграфите 41-42, 44-45 и 214 горе). Затоа постоел законски вакуум во законодавството во тоа време бидејќи за оние поранешни државјани на СФРЈ кои имале државјанство на некоја од другите републики, кои потпаѓале под опсегот на вториот став од членот 81 од Законот за странци, никаква постапка не била воспоставена за да бараат дозволи за постојан престој. Согласно членот 13 од Законот за странци тие можеле да поднесат барање само за дозвола за привремен престој како да се странци кои влегле во Словенија со валидна виза, а кои сакале подолго да останат на словенечка територија.
345. Исто така очигледно е од управните циркуларни дописи упатени од Министерството за внатрешни работи до управните единици, особено оние со датум од 27 февруари и 15 јуни 1992 г. поврзани со спроведувањето на Законот за странци, толкувањето на членот 81 и водењето на евиденција (види во параграфите 28, 30 и 35 горе), дека словенечките власти биле свесни во материјалното време за негативните последици од „бришењето“ кое било спроведено во тајност. По дефиниција, овие управни циркуларни писма не биле достапни за жалителите.
346. Затоа Судот утврди дека до 8 јули 1999 г. кога Законот за правниот статус бил усвоен, оспорената словенечка законска регулатива и административна пракса кои резултирале со „бришење“ ги немале потребните стандарди на предвидливост и достапност, како што било развиено во судската пракса на Судот.
347. Точно е дека по одлуката на Судскиот совет од 4 февруари 1999 г., на 8 јули 1999 г. бил усвоен Законот за правниот статус за да се регулира состојбата со „избришаните“ (види во параграфите 49-50 горе). Меѓутоа, Уставниот суд на 3 април 2003 г. одлучил дека одредени одредби од Законот за правен статус биле неуставни, особено со оглед дека не успеале на „избришаните“ ретроактивно да им доделат дозволи за постојан престој и да ја регулираат состојбата на оние коишто биле депортирани (види во параграфите 58-60 и 215 горе). Конечно, биле потребни повеќе од седум години, до 24 јули 2010 г., за да се почне со примена на вторава одлука на Уставниот суд со која се налагаат општи мерки, откако биле усвоени измените и дополнувањата на Законот за правен статус (види во параграф 76 горе).
348. Од ова следи дека барем до 2010 г. домашниот правен систем не успеал јасно да ги регулира последиците од „бришењето“ и статусот за престој на оние кои биле подложени на него. Затоа не само што жалителите не биле во позиција да ги предвидат мерките на кои се жалеле, туку исто така не можеле да ги предвидат неговите последици врз нивниот приватен и семеен живот или обата.
349. Ова е доволно за Судот да дојде до заклучок дека попречувањето на правата на жалителите според член 8 не било „во согласност со законот“ и дека оваа одредба била прекршена.
350. Меѓутоа во конкретните околности од овој случај, и со оглед на широко распространетите последици од „бришењето“, Судот смета дека е неопходно да се провери исто така, настрана недостатокот на доволен правен основ, дали оваа мерка имала легитимна цел и била сразмерна во таа насока.
(б) Дали попречувањето имало легитимна цел?
351. Владата се изјасни дека во времето на формирање на новата држава законодавството за осамостојување имало легитимна цел за заштита на националната безбедност. Исто така, правото на државата да го контролира влезот и престојот на странци во рамките на својата територија претпоставувало дека можела да преземе мерки за одвраќање, како што се депортирање, против лицата кои ги прекршиле законите за имиграција (види во параграф 325 горе).
352. Судот смета дека целта на законодавството за осамостојување и мерките преземени во однос на жалителите не можат да се земат неповрзано од поширокиот контекст на СФРЈ, независноста на Словенија во 1991 г. и воспоставувањето на делотворна политичка демократија која им давала право да креираат еден „корпус на словенечки државјани“ со оглед на парламентарните избори. На попречувањето на кое се жалеле („бришењето“) требало да се гледа во оваа општа рамка.
353. Оттука Судот смета дека со усвојувањето на законодавството за осамостојување, кое содржело можност за сите државјани на другите републики на поранешна СФРЈ кои живееле во Словенија да се стекнат со словенечко државјанство само во краткиот временски рок, словенечките власти се обиделе да креираат еден „корпус на словенечки државјани“ и на тој начин да ги заштитат интересите на националната безбедност на земјата (види, mutatis mutandis, Сливенко, цитиран горе, §§ 110-111), легитимна цел во рамките на значењето на членот 8 § 2 од Конвенцијата.
(в) Дали попречувањето било „неопходно во едно демократско општество“?
354. Меѓутоа законодавството за осамостојување имало негативни последици за оние поранешни државјани на СФРЈ кои не поднеле барање за словенечко државјанство во пропишаниот рок од шест месеци и кои последователно станале странци кои незаконски престојувале на словенечка територија бидејќи нивните имиња им биле „избришани“ од Матичната книга на лица со постојан престој. Судот ќе ја процени компатибилноста на оваа мерка со правото на жалителите да им се почитува приватниот или семејниот живот или обата. Тој повторува дека мерка која ги попречува правата гарантирани со членот 8 § 1 од Конвенцијата може да се смета како „неопходна во едно демократско општество“ доколку е преземена за да се одговори на социјална потреба која притиска и доколку применетите средства се сразмерни со целта од која се водат. Задачата на Судот е да утврди дали оспорените марки постигнуваат правична рамнотежа меѓу релевантните интереси, имено поединечните права заштитени со Конвенцијата од една страна и интересите на заедницата од друга страна (види Сливенко, цитиран горе, § 113).
355. Според судската пракса на Судот, Конвенцијата не го гарантира правото на еден странец да влезе или да престојува во одредена земја и земјите договорнички имаат право, всушност добро воспоставено меѓународно право и предмет на нивните обврски од договорот, вклучително и Конвенцијата, да го контролираат влезот, престојот и протерувањето на странци (види, меѓу другите извори, Chahal v. the United Kingdom, 15 November 1996, § 73, Reports 1996‑V; El Boujaïdi v. France, 26 September 1997, § 39, Reports 1997‑VI; Baghli v. France, no. 34374/97, § 45, ECHR 1999‑VIII; Boultif v. Switzerland, no. 54273/00, § 39, ECHR 2001‑IX; Üner v. the Netherlands [GC], no. 46410/99, § 54, ECHR 2006‑XII; и Сливенко, цитиран горе, § 115). Меѓутоа мерките со кое се ограничува правото на престој во една земја во одредени случаи повлекува повреда на членот 8 од Конвенцијата доколку креираат несразмерни последици врз приватниот или семејниот живот, или обата, на засегнатите поединци (види Бултиф, цитиран горе, § 55; Сливенко, цитиран горе, § 128; Radovanovic v. Austria, no. 42703/98, §§ 36‑37, 22 April 2004; и Maslov v. Austria [GC], no. 1638/03, § 100, ECHR 2008).
356. Во овој случај жалителите кои пред прогласувањето на независноста на Словенија законски живееле во Словенија неколку години како поранешни државјани на СФРЈ уживале широк опсег на социјални и политички права. Како резултат на „бришењето“, тие искусиле низа негативни последици, како што се уништување на лични документи, губење на можности за вработување, губење на здравствено осигурување, неможност за обновување на личните документи или возачки дозволи и проблеми со регулирање на пензиските права. Навистина правниот вакуум во законодавството за осамостојување (види во параграф 344 горе) ги лишувало жалителите од нивниот правен статус, кој претходни им давал пристап до цел спектар на права.
357. Наводно, „бришењето“ било последица на тоа што не побарале да добијат словенечко државјанство. Меѓутоа, Судот посочува дека еден странец кој законски престојува во земјата може да посака да живее во таа земја без да се стекне со државјанство на истата. Како што може да се види од проблемите со кои се соочувале жалителите повеќе години во однос на стекнувањето на валидна дозвола за престој словенечките законодавство не успеало да усвои одредби со кои ќе им се дозволело на поранешните државјани на СФРЈ со државјанство на некоја од другите републики да го регулираат својот престој доколку се одлучиле да не станат словенечки државјани или не успеале во тоа. Таквите одредби немало да ги поткопаат легитимните цели на контролата на престојот на странци или креирањето на корпус на словенечки државјани или обата.
358. Во врска со ова Судот повторува дека иако основната цел на членот 8 е да се заштити поединецот од своеволно делување на јавните власти, тој не ја обврзува државата само чисто да се воздржи од такво попречување: покрај оваа негативна постапка, можеби постојат и позитивни обврски кои се нераздвојни од делотворното „почитување“ на приватниот или семејниот живот или обата, особено во случај на долгорочни мигранти како што се жалителите (види, mutatis mutandis, Gül v. Switzerland, 19 February 1996, § 38, Reports 1996-I; Ahmut v. the Netherlands, 28 November 1996, § 67, Reports 1996‑VI; и Mehemi v. France (no. 2), no. 53470/99, § 45, ECHR 2003‑IV).
359. Судот исто така мисли дека во конкретните околности на актуелниов случај, регулирањето на престојот на поранешните државјани на СФРЈ претставувал неопходен чекор кој државата требало да го преземе за да се биде сигурно дека неуспехот во стекнувањето на словенечко државјанство не би имал несразмерни последици по правата од членот 8 на „избришаните“. Отсуството на такво регулирање и пролонгираната неможност да се стекнат валидни дозволи за престој ја нарушиле правичната рамнотежа која требала да биде постигната меѓу легитимната цел за заштита на националната безбедност и делотворното почитување на правото на жалителите на приватен или семеен живот или обата.
(г) Заклучок
360. Судот смета дека и покрај напорите што биле направени по одлуките на Уставниот суд од 1999 и 2003 г., како и неодамна со усвојувањето на изменетиот и дополнет Закон за правен статус, словенечките власти не успеале да ја поправат сеопфатно и со потребната итност општата природа на „бришењето“ и неговите сериозни последици по жалителите.
361. Заради горенаведените причини, мерките на кои се жалат не биле ниту „пропишани со закон“ ниту „неопходни во едно демократско општество“ за да се постигне легитимната цел за заштита на националната безбедност.
362. Соодветно на тоа има повреда на членот 8 од Конвенцијата.
...
IV. НАВОДНИ ПОВРЕДИ НА ЧЛЕНОТ 14 РАЗГЛЕДАН ЗАЕДНО СО ЧЛЕНОТ 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
373. Жалителите тврдеа дека во уживањето на своите права согласно членот 8 од Конвенцијата тие биле дискриминирани по основ на нивното национално потекло споредено со другите странски државјани (т.н. „вистински“ странци) кои и понатаму живееле во Словенија по основ на дозволи за привремен или постојан престој.
374. Тие се повикаа на членот 14 од Конвенцијата кој го вели следново:
„Уживањето на правата и слободите, утврдени во [оваа] Конвенција, ќе биде обезбедено без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.“
А. Аргументи на странките
1. Жалителите
375. Жалителите апелираа дека со нив се постапувало помалку наклонето отколку со „вистинските“ странци кои живееле во Словенија пред независноста и чии дозволи за постојан престој продолжиле да им важат согласно членот 82 од Законот за странци.
376. Според гледиштето на жалителите прашањето на дискриминирачко постапување на „избришаните“ било едно од главните одлики на актуелниот случај и Големиот судски совет требало да ја испита основаноста на нивната жалба согласно членот 14 (тие ги цитираа Chassagnou and Others v. France [GC], nos. 25088/94, 28331/95 and 28443/95, § 89, ECHR 1999‑III, и Nachova and Others v. Bulgaria [GC], nos. 43577/98 and 43579/98, §§ 160-168, ECHR 2005‑VII). Тие нагласија дека и самиот Уставен суд го потврдил постоењето на дискриминација. Доколку континуираното право на престој на „вистинските“ странци било признато со Законот за странци, истото требало да важи особено за „избришаните“.
377. И конечно, жалителите ги оспорија тврдењата на тужената Влада (види во параграф 379 долу) дека била спроведена позитивна дискриминација во однос на нив затоа што не биле подложени на депортирање; петмина од жалителите всушност и биле депортирани.
2. Владата
378. Владата изјави дека во времето на осамостојување, Република Словенија им дозволила на државјаните на другите поранешни републики на СФРЈ со постојан престој во Словенија да се стекнат со словенечко државјанство согласно особено поволните услови. Дополнително, Уставниот закон од 1991 г. им гарантирал еднаков третман на словенечките граѓани до нивното стекнување на словенечко државјанство или истекување на рокот утврден со Законот за странци (види во параграф 202 горе). Меѓутоа со оглед на потребата од формирање на корпус на словенечки државјани – особено со оглед на парламентарните избори во 1992 г. – оваа еднаквост во постапувањето не можела да трае неограничено. Затоа лицата со постојан престој кои немале словенечко државјанство требале да ја искористат можноста за стекнување на државјанство на независна Словенија; истото не се доделувало автоматски.
379. Позицијата на жалителите затоа била поврзана со фактот дека тие како странци не се стекнале со дозволи за постојан престој. Со нив се постапувало како и со сите други странци без дозвола за престој. Што се однесува до законската регулатива на СФРЈ и одредбите од Законот за странци жалителите и „вистинските“ странци никогаш не биле во слична ситуација. Исто така жалителите имале корист од позитивната дискриминација затоа што во принцип тие не биле депортирани од Словенија.
3. Третите странки
380. Освен на српската Влада, поднесоците на другите трети странки пред Судскиот совет се фокусирале главно на прашањето на дискриминација, кое е признаено дека е од фундаментална важност за судската пракса на Судот.
381. Третите странки што интервенирале изјавиле дека „избришаните“ биле подложени на дискриминација, како директна така и индиректна, по основ на националното или етничкото потекло или обете (го цитираа Д.Х. и други против Чешката Република, цитиран горе, § 175). Законот за странци содржел построги одредби за „избришаните“ отколку за другите странци. Бидејќи словенечкото население било етнички похомогено споредено со другите поранешни републики на СФРЈ, „бришењето“ несразмерно влијаело врз не-етничките Словенци, малцинствата во поранешна СФРЈ и Ромите со што исто така се правела дискриминација меѓу жителите по етнички основ. Не постоело објективно оправдување за она што произлегло во децениите на законско чистилиште со кое се соочиле „избришаните“. Конечно, други тела на Советот на Европа го толкувале правото на недискриминација како барање за позитивно делување од страна на земјите членки.
Б. Пресудата на Судскиот совет
382. Судскиот совет сметаше дека со оглед на неговиот наод на повреда на членот 8 од Конвенцијата, било неопходно да се одлучи по жалбата на жалителите согласно членот 14 (види во параграф 400 од пресудата на Судскиот совет).
В. Проценка на Големиот судски совет
383. Со оглед на важноста на прашањето на дискриминација во овој случај, Големиот судски совет смета дека, за разлика од Судскиот совет, жалбата на жалителите согласно членот 14 од Конвенцијата треба да се испита.
1. Применливоста на членот 14 од Конвенцијата
384. Како што судот доследно одлучил, членот 14 се надоврзува на другите суштински одредби на Конвенцијата и нејзините протоколи. Тој не постои самостојно бидејќи делува само во врска со „уживањето на правата и слободите“ кои се штитат со овие одредби. Иако примената на членот 14 не претпоставува повреда на тие одредби - и до ова ниво е автоматско – не може да постои простор за негова примена освен ако фактите во прашање не потпаѓаат во границите на еден или повеќе од вториве (види, меѓу другите извори, Van Raalte v. the Netherlands, 21 February 1997, § 33, Reports 1997-I; Petrovic v. Austria, 27 March 1998, § 22, Reports 1998-II; и Zarb Adami v. Malta, no. 17209/02, § 42, ECHR 2006-VIII).
385. Во овој случај, Судот одлучи дека мерките на кои се жалат претставувале незаконско попречување на „приватниот или семејниот живот“ или обата на жалителите во рамките на значењето на членот 8 § 1 од Конвенцијата (види во параграф 339 горе). Со оглед дека членот 8 е применлив за фактите од случајот, тогаш и членот 14 е применлив.
2. Придржувањето на членот 14 од Конвенцијата разгледано заедно со членот 8
(а) Општи принципи
386. Според добро воспоставената судска пракса на Судот дискриминацијата значи различно постапување со лица, без објективно и разумно оправдување, во релативно слични ситуации (види Willis v. the United Kingdom, no. 36042/97, § 48, ECHR 2002‑IV). Различното постапување нема објективно и разумно оправдување доколку не се води од „легитимна цел“ или доколку нема „разумен однос на сразмерност“ меѓу средствата што се користат и целта што се сака да се постигне. Кога разликата во постапувањето се заснова на раса, боја или етничко потекло, идејата за објективно и разумно оправдување мора да се толкува колку што е можно построго (види, меѓу другите извори, Oršuš and Others v. Croatia [GC], no. 15766/03, § 156, ECHR 2010).
387. Земјите договорнички уживаат одредено дискреционо право во оценувањето дали и до која мерка разликите во инаку слични ситуации го оправдуваат различното постапување (види Gaygusuz v. Austria, 16 September 1996, § 42, Reports 1996‑IV). Опсегот на дискреционото право ќе варира во зависност од околностите, тематската содржина и неговата позадина (види Rasmussen v. Denmark, 28 November 1984, § 40, Series A no. 87, и Inze v. Austria, 28 October 1987, § 41, Series A no. 126), но конечната одлука што се однесува до придржувањето на условите на Конвенцијата е во рацете на Судот. Бидејќи Конвенцијата пред сè е систем за заштита на човековите права, Судот мора да ги земе во предвид условите што се менуваат во земјите договорнички и да одговори, на пример, на секаков консензус што се јавува во однос на стандардите што треба да се постигнат (види Ünal Tekeli v. Turkey, no. 29865/96, § 54, ECHR 2004‑X, и, mutatis mutandis, Stafford v. the United Kingdom [GC], no. 46295/99, § 68, ECHR 2002‑IV).
388. Имајќи го ова на ум, членот 14 не им забранува за земјите договорнички да постапуваат со одредени групи на различен начин заради корегирање на „фактички нееднаквости“ меѓу нив. Навистина, во одредени околности неуспешниот обид за корегирање на нееднаквост преку различно постапување може без никакво објективно и разумно оправдување да поттикне прекршување на тој член (види Thlimmenos v. Greece [GC], no. 34369/97, § 44, ECHR 2000-IV, и Sejdić and Finci v. Bosnia and Herzegovina [GC], nos. 27996/06 and 34836/06, § 44, ECHR 2009). Судот исто така прифати дека општата политика или мерката која има несразмерно штетни последици по одредена група може да се смета за дискриминирачка без разлика дека не е конкретно насочена кон групата и дека дискриминацијата потенцијално спротивна на Конвенцијата може да резултира од de facto ситуација (види Д.Х. и други против Чешката Република, цитиран горе, § 175, и изворите цитирани таму).
389. И конечно, што се однесува до товарот на докажување во врска со членот 14 од Конвенцијата, Судот одлучи дека откако жалителот покажал разлика во постапувањето, Владата е таа што треба да докаже дека истото било оправдано (ibid., § 177).
(б) Дали имало разлика во постапувањето меѓу лица во слична ситуација
390. Ако се навратиме на случајот пред нас, Судот забележува дека статусот на државјани на други држави на страна оние од републиките на поранешна СФРЈ а кои живееле во Словенија пред нејзиното осамостојување (т.н. „вистински“ странци) бил регулиран во членот 82 од Законот за странци кој уредувал дека нивните дозволи за постојан престој и понатаму важеле (види во параграф 207 горе). Меѓутоа Законот за странци не успеал да го регулира статусот на државјаните на другите републики на СФРЈ кои живееле во Словенија. Како што е нагласено горе (види во параграф 344 горе), овој правен вакуум резултирал со „бришење“ на вториве и незаконитост на нивниот престој на словенечка територија.
391. Може да се каже дека пред осамостојувањето на Словенија постоела разлика меѓу овие две групи бидејќи едната била составена од странци, додека другата се состоела од државјани на поранешната сојузна држава во која Словенија била составен дел. Меѓутоа според мислењето на Судот по прогласувањето на независност и појавата на новата држава, нивната ситуација станала во најмала рака слична. И двете групи се состоеле од странци со државјанство на друга држава која не била Словенија или лица без државјанство. Како последица на „бришењето“ членовите на само една од групите можеле да ги задржат своите дозволи за престој.
392. Затоа постоела разлика во постапувањето со двете групи - „вистинските“ странци и државјаните на другите републики на СФРЈ – кои биле во слична ситуација во однос на прашања поврзани со престојот.
(в) Дали постои објективно и разумно оправување
393. Судот не гледа како потребата, на која упатува Владата, за формирање на корпус на словенечки државјани со оглед на парламентарните избори од 1992 г. (види во параграф 378 горе) би можела да бара различно постапување во одобрувањето на можност за странците да живеат во Словенија со оглед дека дозволата за престој не доделувала право на носителот да гласа. Точно е дека само „избришаните“, а не и „вистинските“ странци добиле можност да се стекнат со словенечко државјанство по поповолни услови. Меѓутоа Судот веќе има нагласено дека, како такви, доколку не поднеле барање за државјанство, тоа не можело да се смета за основ за лишување на една група на странци од нивните дозволи за престој (види во параграф 357 горе).
394. Во вакви околности, Судот смета дека различното постапување на кое се жалеле се засновало на националното потекло на засегнатите лица – со оглед дека со државјаните на поранешна СФРЈ се постапувало различно отколку со други странци – и дека за тоа се немало легитимна цел и затоа му недостасувало објективно и разумно оправдување (види, mutatis mutandis, Сејдиќ и Финци, цитиран горе, §§ 45-50). Исто така ситуацијата на државјаните на поранешна СФРЈ кога ќе се спореди со онаа на „вистинските“ странци значително се сменила по прогласувањето на независност. Пред 1991 г. државјаните на поранешна СФРЈ во однос на престојот всушност биле во привилегирана позиција споредено со „вистинските“ странци. Во релевантното време, државјанството на сојузната држава можело да се смета за објективен основ за таков повластен третман. Меѓутоа како последица на законодавството за осамостојување државјаните на поранешна СФРЈ одненадеж се нашле во состојба на незаконитост за што било утврдено дека се повредува членот 8 (види во параграфите 361-362 горе) и во полоша позиција vis-à-vis „вистинските“ странци, бидејќи само дозволите за постојан престој на вториве и понатаму важеле, дури и во отсуство на барање за словенечко државјанство (види во параграф 390 горе). Според гледиштето на Судот законската регулатива во прашање на тој начин наметнала несразмерен и претеран товар врз државјаните на поранешна СФРЈ.
395. Горенаведениот заклучок исто така е потврден со одлуката од 4 февруари 1999 г. во која Уставниот суд одлучил дека „избришаните“ биле во понеповолна законска позиција отколку „вистинските“ странци кои живееле во Словенија пред независноста и чии посебни дозволи за постојан престој и понатаму важеле согласно членот 82 од Законот за странци (види во параграф 42 горе).
396. Со оглед на претходното, Судот одлучи дека имало повреда на членот 14 разгледан заедно со членот 8 од Конвенцијата.
V. ЧЛЕНОТ 46 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
397. Членот 46 од Конвенцијата уредува, што се однесува до релевантноста:
„1. Високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечната пресуда на Судот во споровите во кои се странки.
2. Конечната пресуда на Судот му се доставува на Комитетот на министрите којшто го надгледува нејзиното извршување.“
...”
398. Согласно оваа одредба, жалителите побараа од Судот да ги посочи општите мерки во врска со обесштетувањето на „избришаните“.
А. Аргументи на странките
1. Жалителите
399. Жалителите се изјаснија дека во оваа фаза и во отсуство на некаква утврдена пракса, усвојувањето и спроведувањето на изменетиот и дополнет Закон за правен статус не може да се смета за општи мерки кои можат да го отстранат систематското повредување на правата на „избришаните“.
400. Изменетиот и дополнет Закон за правен статус бил prima facie недоволен правен лек, одлуката од 3 април 2003 г. се применувала на најминимален и ограничен начин, задржувајќи ги главните одлики и услови на претходниот закон. Условот на „реален престој во Словенија“ бил сменет за да вклучат и некои исклучоци. Меѓутоа, не сите случаи на „избришаните“ потпаѓале под некој од споменатите исклучоци. Постапката била робусна и скапа и товарот на докажување паднал на „избришаните“. Во случај на пролонгирано отсуство од Словенија, тие морале да покажат дека се обиделе да се вратат во текот на првите десет години што е крајно тешко за докажување. Затоа не беше за изненадување дека според последните статистички податоци од јуни 2011 г. од 127 поднесени барања (од вкупна бројка од 13.000 лица кои имале право да го сторат тоа) само триесет биле успешни додека шеесет биле отфрлени. Големата стапка на одбиени барања покажала дека законската регулатива има сериозни недостатоци.
401. Што се однесува до поединечните мерки, издавањето на дозволи за постојан престој не претставува доволно обесштетување за повредите што се утврдени. Сериозната нематеријална и материјална штета што е претрпена бара дополнителни правни лекови, имено усвојување на поединечни мерки за обесштетување. Ова исто така е нагласено во заклучните забелешки на Комитетот за елиминација на расната дискриминација од 2010 г. Комесарот на Советот на Европа за човекови права исто така изјави дека други мерки се потребни за да се обесштетат повредите што ги претрпеле „избришаните“, на пример во врска со семејното обединување. Тој исто така нагласи дека новото законодавство не обезбедило никаков конкретен механизам кој би обезбедил правичен надоместок за многуте години на нерегулиран статус. Заклучните забелешки на Комитетот против мачење исто така апелираа до тужената Влада да овозможи целосна интеграција на „избришаните“, вклучително и на оние кои им припаѓаат на ромските заедници. Исто така трите гореспоменати меѓународни тела ги нагласија и недостатоците на изменетиот и дополнет Закон за правен статус.
2. Владата
402. Владата тврдеше дека усвојувањето и спроведувањето на изменетиот и дополнет Закон за правен статус претставувало соодветна, сеопфатна и општа мерка за обезбедување на правото на приватен или семеен живот, или обете на избришаните. Со ова, одлуката на Уставниот суд од 2003 г. била целосно спроведена.
403. Според нивното гледиште Судскиот совет не успеал да даде доволно тежина на фактот дека изменетиот и дополнет Закон за правен статус ќе стапел на сила. Република Словенија затоа веќе имала преземено соодветни чекори пред усвојувањето на пресудата на Судскиот совет. Исто така различни медиуми биле користени за да се информираат „избришаните“ (брошура, интернет, бесплатна телефонска линија и др.). Ова исто така било и главната причина зошто било барано упатување на Големиот судски совет.
404. Исто така на 25 ноември 2011 г. била формирана меѓусекторска комисија за да се справат со проблемот на „избришаните“. Спроведувањето на Законот исто така било редовно следено од властите. Шеесет и четири дозволи за постојан престој и 111 дополнителни дозволи биле издадени согласно изменетиот и дополнет Закон за правен статус. Земено сè заедно, 12.500 од „избришаните“ го регулирале својот статус.
Б. Пресудата на Судскиот совет
405. Судскиот совет одлучи дека повредата која била утврдена во однос на непридржувањето на словенечките законодавни и управни органи на одлуките на Уставниот суд јасно ги посочила соодветните општи и поединечни мерки кои треба да се усвојат во словенечкиот домашен правен поредок: усвојување на соодветни закони и регулирање на состојбата на поединечните жалители преку издавање на ретроактивни дозволи за престој (види во параграфи 401-407 од пресудата на Судскиот совет).
В. Оценка на Судот
406. Согласно членот 46 од Конвенцијата високите страни договорнички имаат преземено обврска да се придржуваат кон конечните пресуди на Судот во секој случај во кој тие се странка, при што извршувањето е под надзор на Комитетот на министри. Понатаму меѓу другото следи дека пресудата во која Судот утврдува повреда и наметнува на тужената држава законска обврска не само да им ги плати на засегнатите сумите што им се доделени по пат на правичен надоместок согласно членот 41, туку исто така да избере општи или, доколку е соодветно, поединечни мерки кои треба да бидат усвоени. Со оглед дека пресудите на Судот во основа се од деклараторна природа, тужената држава, под надзор на Комитетот на министри, има слобода да ги избере средствата со кои ќе ги исполни своите правни обврски согласно членот 46 од Конвенцијата под услов таквите мерки да се компатибилни со заклучоците утврдени во пресудата на Судот (види, Scozzari and Giunta v. Italy [GC], nos. 39221/98 and 41963/98, § 249, ECHR 2000-VIII; Сејдовиќ, цитиран горе, § 119; и Aleksanyan v. Russia, no. 46468/06, § 238, 22 December 2008).
407. Меѓутоа во исклучителни случаи, со цел да и се помогне на тужената држава да ги исполни своите обврски согласно членот 46 Судот ќе се обиде да го посочи видот на мерки кои би можеле да се преземат за да се стави крај на состојбата за која утврдил дека постои (види, на пример, Брониовски, цитиран горе, § 194).
408. Во актуелниот случај, Судот утврди повреда на правата на жалителите гарантирани со членовите 8, 13 и 14, кои во основа потекнале од пролонгираното нерегулирање на статусот на престој на жалителите од страна на словенечките власти по нивното „бришење“, и тоа што не биле обесштетени и покрај водечките одлуки на Уставниот суд.
409. „Бришењето“ опфатило цела категорија на државјани на поранешна СФРЈ со постојан престој во Словенија коишто имале државјанство на една од другите републики на СФРЈ во времето кога Словенија прогласила независност. Оттука тоа погодило и сè уште погаѓа голем број на лица.
410. Меѓутоа, треба да се има на ум дека различни законодавни реформи, имено изменетиот и дополнет Закон за правен статус (види во параграфите 76-79 и 211 горе) биле спроведени по усвојувањето на пресудата на Судскиот совет. Овој нов закон овозможува „избришаните“ да преземат чекори за регулирање на нивниот престој во Словенија. Исто така вреди да се спомене дека шест жалители во однос на кои Судот утврдил повреда на Конвенцијата добиле дозволи за постојан престој (види во параграфите 95, 123, 133, 158, 173 и 194 горе) и дека Владата формирала меѓусекторска комисија за да го следи спроведувањето на изменетиот и дополнет Закон за правен статус и да се зафати со проблемот на „избришаните“ (види во параграф 404 горе).
411. Точно е дека изменетиот и дополнет Закон за правен статус е на сила од 24 јули 2010 г. и дека некои меѓународни тела за мониторинг посочиле некои од неговите слабости... Меѓутоа, Судот смета дека би било премногу рано во оваа фаза, во отсуство на некаква воспоставена домашна пракса да се испитува дали реформите што се посочени горе и различните чекори преземени од Владата го постигнале резултатот на задоволувачко регулирање на статусот на престој на „избришаните“ (види, mutatis mutandis, Сејдовиќ, цитиран горе, §§ 119 и 123).
412. Истовремено, Судот утврди дека на жалителите не им бил доделен соодветен финансиски надоместок за годините во кои тие биле во ранлива и правно несигурна позиција и дека како што стојат работите во моментов, можноста за добивање на надоместок на домашно ниво во граѓански постапки или пред Јавното правобранителство сè уште е далечна (види во параграф 268 горе). Затоа Судот утврди дека фактите на случајот откриваат постоење, во рамките на словенечкиот правен поредок, на слабост како последица на која целата категорија на „избришаните“ сè уште не може да добие надоместок за повредата на нивните основни права.
413. Судот смета дека актуелниот случај е соодветен за усвојување на процедура на пилот-пресуда во рамките на значењето на Правилото 61 од Деловникот на Судот, со оглед дека една од основните импликации на оваа постапка е проценката на Судот за состојбата на која се жалат во „пилот“, случајот неопходно се протега и надвор од индивидуалниот интерес на поединечните жалби и бара тој случај да се разгледа и од аспект на општите мерки што треба да се преземат во интерес на другите потенцијално засегнати лица (види Broniowski v. Poland (пријателска спогодба) [GC], no. 31443/96, § 36, ECHR 2005‑IX, и Hutten-Czapska v. Poland (пријателска спогодба) [GC], no. 35014/97, § 33, 28 April 2008). Во врска со ова Судот забележува дека покрај пилот пресудата во случајот на Лукенда против Словенија (Lukenda v. Slovenia no. 23032/02, §§ 89-98, ECHR 2005‑X), во врска со претерано времетраење на судските постапки и нефункционирање на домашниот правен систем во оваа насока, Владата усвоила низа мерки вклучително и воспоставување на посебен финансиски механизам. Ова на Судот му овозможило да се растовари од големиот број на случаи кои чекале.
414. Иако во моментот само неколку жалби поднесени од „избришаните“ лица чекаат пред Судот, во контекст на систематските, структуралните или слични повреди, и потенцијалниот прилив на идни случаи исто така е важно да се земе во предвид во насока на спречување на трупање на такви случаи кои се повторуваат на листата на случаи на Судот. Што се однесува до консултирањето на странките во постапката по ова прашање, како што е регулирано со правилото 61 § 2 (а), Судот би сакал да посочи дека оваа одредба стапила на сила на 1 април 2011 г., доста подоцна откако овој случај бил изнесен пред Големиот судски совет поради што не можел да се примени во актуелниот случај.
415. Затоа Судот одлучи да посочи, во согласност со правилото 61 § 3, дека тужената Влада треба во рок од една година да воспостави ад хок домашна шема за обесштетување (види, mutatis mutandis, Хатен-Чапска, цитиран горе, § 239, и Xenides-Arestis v. Turkey (основаност), no. 46347/99, § 40, 22 December 2005). Согласно правилото 61 § 6 (а) разгледувањето на сите слични жалби ќе биде одложено во исчекување на усвојувањето на мерките за правен лек во однос на ова прашање.
VI. ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
416. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
417. Жалителите побараа надоместок за материјална и нематеријална штетат како и рефундирање на трошоците и издатоците кои настанале пред Судот. Владата ги оспори нивните побарувања.
А. Аргументи на странките
1. Жалителите
418. Жалителите го оспорија ставот на Владата дека тие најпрво требале да ги поднесат своите барања за надоместок пред домашните судови или до Јавното правобранителство, како законски неоснован (тие го цитираа Barberà, Messegué and Jabardo v. Spain (Article 50), 13 June 1994, § 17, Series A no. 285‑C). Допуштеноста на барањата за правичен надоместок не подложела на претходно искористување на домашните правни лекови. Ова особено важи кога, како во овој случај, правните лекови што се во прашање очигледно не се во можност да им понудат на повредените странки брза и едноставна можност да се стекнат со материјално обесштетување.
419. Пред Големиот судски совет жалителите ги ажурираа своите барања за правичен надоместок. Секој жалител кој немал приход побарал износ кој кореспондирал на социјалната помош и надоместокот за сместување кои тие би ги добивале доколку не дошло до „бришење“.
Жалителите ги поднеле следниве барања во однос на материјалната штета:
- Г-дин Куриќ: 37.929,85 евра;
- Г-ѓа Мезга: 58.104,03 евра;
- Г-дин Ристановиќ: 15.698,07 евра;
- Г-дин Бериша: 104.174,25 евра;
- Г-дин Садик: 41.374,95 евра;
- Г-дин Миниќ: 40.047,24 евра.
420. Понатаму, што се однесува до нематеријалната штета, жалителите изјавија дека „бришењето“ имало особено сериозни последици за нив и им предизвикало драматични и битни промени во нивните животи: нерегулиран статус, губење на работата, животни услови кои не му доликуваат на едно човечко суштество и здравствени проблеми кај многумина од нив. На кратко тие претрпеле различни форми на страдање признати од судската пракса на Судот: болка и чувства на длабока нестабилност и несигурност за иднината кои ги трпеле многу долго време, нервоза која произлегувала од опасноста да бидат депортирани и длабоко чувство на немир и тага заради ксенофобичниот однос и заради отсуството на делотворни правни лекови. Тие тврдеа дека нематеријалната штета требала да се пресметува од февруари 1999 г., датумот на првата одлука на Уставниот суд и ги бараа следниве износи:
- Г-дин Куриќ: 147.822 евра;
- Г-ѓа Мезга: 151.986 евра;
- Г-дин Ристановиќ: 151.986 евра;
- Г-дин Бериша: 146.781 евра;
- Г-дин Садик: 154.068 евра;
- Г-дин Миниќ: 154.068 евра;
421. Конечно, жалителите бараа 49.975,82 евра плус ДДВ и дополнителни такси (62.369,82 евра) за трошоци и издатоци кои настанале во постапката пред Судот. Тие нагласија дека со оглед на вонредните околности на случајот и нивниот живот во крајна сиромаштија, нивните претставници се согласиле да се откажат од своите хонорари доколку Судот ги одбие нивните жалби. Затоа не е направена никаква уплата до сега од страна на жалителите и не можат да се обезбедат никакви документи како поткрепа.
2. Владата
422. Владата забележала дека ниеден од жалителите не барал надоместок пред домашните судови. Само г-динот Бериша и г-динот Миниќ не успеале со делумното барањето на обесштетување пред Државното правобранителство, кое било одбиено.
Б. Пресудата на Судскиот совет
423. Судскиот совет сметал дека прашањето од жалбата по членот 41 од Конвенцијата не било подготвено за одлучување и соодветно на тоа одлучил да го резервира како целина (види во параграфи 422-423 од Пресудата на Судскиот совет и точка 7 од неговите оперативни одредби).
В. Проценка на Големиот судски совет
1. Материјална штета
424. Во околностите од актуелниот случај, Судот смета дека прашањето за надоместок за материјална штета не е подготвено за одлучување. Прашањето соодветно на тоа мора да биде резервирано и последователната процедура да биде фиксирана земајќи соодветно во предвид секаков договор постигнат меѓу Владата и жалителите и во контекст на таквите поединечни или општи мерки кои можат да бидат преземени од Владата во извршувањето на актуелната пресуда (правилото 61 § 7 и правилото 75 § 1 од Деловникот на Судот).
2. Нематеријална штета
425. Земајќи ја во предвид природата на повредите што се утврдени во овој случај и страдањата кои ги претрпеле жалителите, Судот е подготвен да ги поддржи нивните барања делумно и да им додели, на правична основа, по 20.000 евра на секој успешен жалител (г-динот Куриќ, г-ѓата Мезга, г-динот Ристановиќ, г-динот Бериша, г-динот Адеми и г-динот Миниќ) за нематеријална штета.
3. Трошоци и издатоци
426. Според судската пракса на Судот еден жалител има право на рефундирање на сопствените трошоци и издатоци само доколку покаже дека истите настанале реално и неопходно и биле разумни во однос на износот (види, на пример, Iatridis v. Greece (правичен надоместок) [GC], no. 31107/96, § 54, ECHR 2000-XI).
427. Судот забележува дека случајот вклучуваше и барање на одредено број на фактички и документирани докази и бараше одреден степен на истражување и подготовка. Иако Судот не се сомнева дека хонорарите кои се бараат реално настанале, тој смета дека износот што се бара за трошоци и издатоци за постапката пред него е претерана. Земајќи го во предвид фактот дека правните прашања кои се наметнуваат од жалбата биле слични за сите жалители, Судот одлучи да додели вкупен износ од 30.000 евра.
4. Казнена камата
428. Судот смета дека е соодветно казнената каматна стапка да се заснова на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
...
3. Одлучи, едногласно дека г-динот Куриќ, г-ѓата Мезга, г-динот Ристановиќ, г-динот Бериша, г-динот Адеми и г-динот Миниќ можат да тврдат дека се „жртви“ за потребите на членот 34 од Конвенцијата на наводните повреди на нивните права од Конвенцијата;
...
6. Одлучи едногласно дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата;
...
8. Одлучи едногласно дека имало до повреда на членот 14 земен заедно со членот 8 од Конвенцијата;
9. Одлучи едногласно дека тужената Влада треба во рок од една година од усвојувањето на оваа пресуда да воспостави ад хок домашна шема за надоместок (види во параграф 415 горе);
10. Одлучи едногласно дека што се однесува до некаква материјална штета што произлегла од повредите што се утврдени во овој случај, прашањето на примената на членот 41 не е подготвено за одлучување и соодветно на тоа,
(а) го резервира споменатото прашање во оваа смисла;
(б) ја повикува Влада и жалителите да поднесат во рок од наредните три месеци писмени мислења во однос на ова прашање и особено да го информира Судот доколку постигнале некаков договор;
(в) ја резервира понатамошната постапка и му дава на претседателот на Судскиот совет овластување да ја одреди доколку има потреба.
11. Одлучи едногласно
(а) дека тужената држава треба да ги исплати во рок од три месеци, следниве износи:
(i) по 20.000 евра (дваесет илјади евра) на г-динот Куриќ, г-ѓата Мезга, г-динот Ристановиќ, г-динот Бериша, г-динот Адеми и г-динот Миниќ за нематеријална штета плус сите даноци на кои можеби подложат овие износи;
(ii) 30.000 евра (триесет илјади евра) за трошоци и издатоци за сите жалители заеднички, плус сите даноци на кои можеби подложат жалителите;
(б) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата ќе се плаќа проста камата на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка во текот на казнениот период плус три процентни поени;
12. Едногласно ги отфрла останатите барања на жалителите согласно членот 41 во однос на нематеријалната штета и трошоците и издатоците.
Изготвена на англиски и француски јазик, и усвоена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 26 јуни 2012 г.
Винсент БергерНиколас Браца
Правен советникПретседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, кон оваа пресуда се приложени следниве издвоени мислења:
(а) Мислење на согласување на судијата Зупанчич;
(б) Мислење на делумно согласување и делумно несогласување на судијата Вучиниќ;
(в) Заедничко мислење на делумно несогласување на судиите Браца, Шпилман, Ковлер, Калајџиева, Вучиниќ и Раимонди;
(г) Мислење на делумно несогласување на судијата Коста;
(д) Заедничко мислење на делумно несогласување на судиите Ковлер и Калајџиева.
Н.Б.
В.Б.
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy