Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈ ЛАМБЕР (LAMBERT) И ДРУГИ против ФРАНЦИЈА
(Жалба бр. 46043/14)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
Оваа верзија е поправена на 25 јуни 2015 г.
во согласност со членот 81 од Деловникот на Судот.
СТРАЗБУР
5 јуни 2015 година
Оваа пресуда е конечна. Може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Ламбер (Lambert) и други против Франција,
Европскиот Суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Дин Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Гвидо Рајмонди (Guido Raimondi),
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Изабел Беро (Isabelle Berro),
Ханлар Хаијев (Khanlar Hajiyev)
Јан Шикута (Ján Šikuta),
Жорж Николау (George Nicolaou),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Винсент А. де Гаетано (Vincent A. de Gaetano),
Анџелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Линос-Александер Сиcилианос (Linos-Alexandre Sicilianos)
Ерик Моше (Erik Møse)
Андре Поточки (André Potocki),
Хелена Јадерблом (Helena Jäderblom),
Алеш Пејчал (Aleš Pejchal),
Валериу Гритко (Valeriu Griţco),
Егидијус Курис (Egidijus Kūris), судии ,
и од Ерик Фиберг (Erik Fribergh), судски секретар,
Расправајќи на затворена седница на 7 јануари и 23 април 2015 година,
Ја донесе следната пресуда, која беше усвоена на последниов датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалба (бр. 46043/14) против Република Франција, поднесена од страна на четири француски државјани, г-дин и г-ѓа Пјер и Вивиан Ламбер (Pierre et Viviane Lambert), г-дин Давид Филипон (David Philippon) и г-ѓа Ан Туарз (Anne Tuarze) („жалителите“), до Судот на 23 јуни 2014 г. согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“).
2. Жалителите беа застапувани од страна на г-дин Ј. Пајо (Ј.Paillot), адвокат во Стразбур и г-дин Ј. Триомф (Ј.Triomphe), адвокат во Париз. Француската влада („владата“) беше застапувана од нејзиниот агент, г-дин Ф. Алабрин (F. Alabrune), Директор за правни работи при Министерството за надворешни работи.
3. Жалителите тврдеа особено дека престанокот на хранење и вештачко хидратирање на Винсен Ламбер е спротивно на обврските на државата согласно членот 2 од Конвенцијата, дека тоа претставува лошо постапување соодветно на тортура, во смисла на членот 3 од Конвенцијата, и дека е повреда на неговиот физички интегритет, во смисла на членот 8 од Конвенцијата.
4. Случајот беше доделен на петтиот оддел на Судот (член 52 § 1). На 24 јуни 2014 година, надлежниот судски совет одлучи да го примени членот 39 од деловникот, да да ја достави жалбата до владата и да ја разгледа како приоритетна.
5. На 4 ноември, 2014 година, судски совет на петтиот оддел составен од Марк Вилигер, претседател и Анџелика Нусбергер, Боштјан М. Жупанчиќ, Винсент А. Де Гаетано, Андре Поточки, Хелена Јадерблом, Алеш Пејчал, судии, и Стивен Филипс, судски секретар на оддел, се откажа од надлежноста во корист на на Големиот судски совет, со оглед на тоа дека ниту една страна не се спротистави на тоа (член 30 од Конвенцијата и член 72 од деловникот).
6. Составот на Големиот совет беше утврден во согласност со член 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и член 24 од деловникот.
7. Како жалителите така и владата доставија писмен поднесок за допуштеноста и основаноста на случајот.
8. Беа добиени и забелешки од Рашел Ламбер (Rachel Lambert), Франсоа Ламбер (François Lambert), Мари-Женевиев Ламбер (Marie-Geneviève Lambert), наизменично сопруга, внук и полу-сестра на Винсен Ламбер, од Националната унија на здруженија на семејства на лица со краниоцеребрални оштетувања (UNAFTC), од здружението Амрезо Бетел (Amréso‑Bethel), како и од Клиниката за човекови права од Меѓународниот институт за човекови права, кои имаа дозвола од страна на Претседателот да учествуваат во писмената постапка како трети страни (член 36 § 2 од Конвенцијата и 44 § 3 a) од деловникот). Рашел Ламбер, Франсоа Ламбер и Мари Женевиев Ламбер исто така имаа дозвола да интервенираат во усната постапка.
9. Беше одржано јавно рочиште во Палатата на човековите права во Стразбур, на 7 Јануари 2015 година (член 59 § 3 од деловникот).
Пред судот се појавија:
-за Владата
г-дин Ф Aлабрин (F. Alabrune), директор за правни работи при Министерството за надворешни работи и меѓународен развој,
агент,
Г-ѓа. E. Јунг (Е. Jung), уредничка во под-дирекцијата за човекови права при Министерството за надворешни работи и
меѓународен развој,
М. Р. Ферал (M. R. Féral), уредник во под-дирекцијата за човекови права при Министерството за надворешни работи и меѓународен развој,
Г-ѓа. С. Ридо (S. Rideau), проектен менаџер во дирекцијата
за Правни работи при Министерството за социјални работи,
здравје и права на жените,
Г-ѓа И. Ерни (I. Erny), правен советник при одделението
за кориснички права, правни и етички работи на Министерството за социјални работи, здравје и права на жените,
Г-ѓа. П. Руо-Шалие (Rouault-Chalier), заменик-директорка за општи правни работи и спорови при Министерството за правда,
Г-ѓа. М. Ламблен (М. Lambling), уредничка во канцеларијата за правата на лицата и на семејството при Министерството за правда советници;
– за жалителите
г-дин Ж. Пајо ( J. Paillot), адвокат,
г-дин Ж: Триoмф ( J. Triomphe), адвокат, правни советници,
г-дин Ж. Пипенк (G. Puppinck),
Проф. Дикрок (Pr X. Ducrocq),
Д-р. Б. Жанблан (Dr B. Jeanblanc), советници;
– за Рашел Ламбер, трета страна-вмешувач
г-дин Л.Петити (L. Pettiti), адвокат,правен советник,
Д-р. Опорти (Dr Oportus),
Д-р. Симо (Dr Simon),советници;
– за Франсоа и Мари-Женвиев Ламбер, трети страни-вмешувачи
г-дин М. Миние-Апер (M. Munier-Apaire), адвокат во Државниот совет и во Касациониот
суд,
г-дин Б. Лори (B. Lorit), адвокат, правни советници.
Жалителите (со исклучок на првиот жалител) и Рашел Ламбер, Франсоа Ламбер и Мари-Женвиев Ламбер, трети страни-вмешувачи, исто така беа присутни.
Судот ги сослуша обраќањата на г-дин Алабрин, г-дин Пајо, г-дин Триомф, г-дин Миние-Апер и г-дин Петити, како и г-дин Алабрин и г-дин Пајо и нивните одговори на прашањата од судијата.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
10. Жалителите, сите француски државјани, се г-дин Пјер Ламбер и неговата сопруга г-ѓа Вивиан Ламбер, родени наизменично во 1929 и 1945 година и сo живеaлиште во Ремс, Давид Филипон, роден во 1971 година и со живеалиште во Мурмелон и г-ѓа Ан Туарз, родена во 1978 година и со живеалиште во Милизак. Се работи за родителите, полу-братот и сестрата на Винсен Ламбер, роден на 20 септември 1976 година.
11. Жртва на сообраќајна несреќа на 29 септември, 2008 година, Винсен Ламбер доживеал тешка повреда на мозокот која го направила тетраплегичар и целосно зависен. Според лекарскиот извештај побаран од Државниот совет на 14 февруари, 2014 г., тој е во хронична вегетативна состојба (став 40 подолу).
12. Од септември 2008 до март 2009 година, тој бил хоспитализиран на одделението за реанимација, а потоа на неврологија во болничкиот центар во Шалон‑во‑Шампањ (Châlons‑en‑Champagne). Од март до јуни 2009 година, тој бил преземен во соларно-морскиот центар во Берк на море (Berck‑sur‑Mer) и, од 23 јуни 2009 година, во Универзитетскиот болнички центар (CHU) во Ремс (Reims), на одделението за пациентите во минимално свесна состојба (одделение за долготрајна нега и рехабилитација), каде што е сеуште хоспитализиран. Ова одделение сместува осум пациенти во вегетативна состојба или во минимално свесна состојба. Винсен Ламбер добива ентерална хидратација и исхрана, односно, со помош на гастрична сонда.
13. Во јули 2011 година тој бил подложен на евалуација во специјализирана служба на Универзитетот во Лиеж, Coma Science Group, која заклучила дека тој е во хронична неуровегетативна состојба оквалификувана како „минимална свест плус.“ Во согласност со препораките на Coma Science Group, тој имал секојдневна физикална терапија помеѓу септември 2011 г. и крајот на октомври 2012 година, која не дала резултати, како и 87 сеанси на говорна терапија меѓу март и септември 2012 година, за да се воспостави комуникациски код. Меѓутоа, не можел да се утврди ниту еден код. Исто така биле направени обиди за ставање во инвалидска количка.
А. Првата одлука донесена според Законот од 22 април, 2005 г.
14. Со оглед на тоа дека негувателите на Винсен Ламбер мислеле дека забележале во 2012 година кај него се поизразени знаци на спротиставување на негата и миењето, медицинскиот персонал ја отпочнал во текот на првите месеци на 2013 година колективата постапка ( procédure collégiale) согласно Законот од 22 април 2005 година за правата на пациентите и за крајот на животот (став 54 подолу), вклучувајќи ја и неговата сопруга Рашел Ламбер.
15. Оваа постапка резултирала со одлуката на Д-р. Кариже (Kariger) , докторот задолжен за Винсен Ламбер и шеф на одделот каде што тој бил хоспитализиран, да се прекине неговата исхрана и да се намали неговата хидратација. Оваа одлука била имплементирана на 10 април 2013 г..
Б. Времената мерка од 11 мај 2013 година
16. На 9 мај 2013 година, жалителите се обратиле до судијата за итни постапки на Управниот суд од Шалон‑во‑Шампањ со барање врз основа на членот L. 521-2 од Законот за административна правда (итно барање за заштита на основна слобода - référé liberté) барајќи со судскa одлука да и се наложи на болницата да го врати нормалното хранење и хидратирање на Винсен Ламбер, како и да му се даде потребната нега согласно неговата состојба.
17. Со одлука од 11 мај 2013 година, судијата ги одобрил нивните барања. Судијата сметал дека, со оглед на тоа што немало однапред подготвени упатства од страна на Винсен Ламбер и во отсуство на лице од доверба во согласност со соодветните одредби од Законикот за јавно здравје, колективната процедура требало да продолжи со неговото семејство, и покрај тоа што истото било поделено во однос на неговата иднина. Судијата истакнал дека, иако сопругата на Винсен Ламбер била вклучена во оваа процедура, од истрагата произлегувало дека неговите родители не биле информирани за нејзиното спроведување, и дека одлуката да се запре хранењето и да се ограничи хидратацијата, во однос на која тие не биле запознаени ниту со природата ниту со причините, не била во согласност со нивните желби.
18. Оттука, судијата изнашол дека овие процедурални недостатоци претставувале сериозно и очигледно незаконско прекршување на основна слобода, односно, на правото на почитување на животот, и и наредил на болницата да ја врати нормалната исхрана и хидратација на Винсен Ламбер, како и да му се даде потребната нега согласно неговата здравствена состојба.
В. Втората одлука донесена согласно законот од 22 април 2005 г.
19. Од септември 2013 година, била отпочната нова колективна процедура. Д-р. Кариже се консултирал со шест лекари, од кои тројца надворешни лекари во однос на установата (еден невролог, еден кардиолог и еден анестезиолог кои имале искуство во палијативната медицина), кои биле избрани од страна на родителите, сопругата на Винсен Ламбер и медицинскиот тим. Тој, исто така, го земал во предвид и писмениот придонес на лекар кој бил раководител на одделение кое вклучувало и единица за долготрајна нега во старачки дом.
20. Тој, исто така организирал две средби со семејството на 27 септември и на 16 ноември 2013 година, вклувајќи ја сопругата, родителите и осумте браќа и сестри на Винсен Ламбер. Рашел Ламбер и шест од осумте браќа и сестри, се произнеле за прекин на неговото вештачко хранење и хидратирање, додека жалителите се произнеле за продолжување на истите.
21. На 9 декември 2013 година, Д-р. Кариже ги собрал сите лекари како и скоро целата екипа за здравствена нега. По овој состанок, д-р. Кариже и пет од шестте консулирани лекари се произнеле во корист на прекинот на третманот.
22. По ова советување, д-р. Кариже ја објавил на 11 јануари 2014 г. својата намера да ја прекине вештачката исхрана и хидратација сметајќи од 13 јануари, кои биле предмет на наредба од Управниот суд. Неговата одлука, која претставувала образложен извештај од тринаесет страници чие резиме од седум страници било прочитано на семејството, утврдувала, особено, дека ситуацијата на Винсен Ламбер се карактеризирала со оштетување на мозокот со неповратна природа, дека третманот се чинел бесполезен, несразмерен и без никаков друг ефект освен вештачкото одржување во живот и дека тој бил сигурен дека Винсен Ламбер, пред неговата несреќа, не сакал да живее во такви услови. Д-р. Кариже заклучил дека пролонгирањето на неговиот живот со продолжување на третманот на вештачка исхрана и хидратација претставувало неразумна упорност.
Г. Пресудата на Управниот суд од 16 јануари 2014 г.
23. На 13 јануари 2014 година, жалителите се обратиле до Управниот суд од Шалон-ан-Шампањ со ново итно барање за заштита на основна слобода според членот Л 521-2 од Законикот за управно судство, за да и се забрани на болницата како и на засегнатиот лекар да го прекинат хранењето и хидратирањето на Винсен Ламбер и да се нареди итно трансфер на последниов во одделение за долготрајна нега во Оберхаусберген (Oberhausbergen) раководено од здружението Амрезо Бетел (Amréso‑Bethel) (видете став 8 погоре). Рашел Ламбер и Франсоа Ламбер, внук на Винсен Ламбер, интервенирале во постапката како трети страни вмешувачи.
24. Управниот суд, заседавајќи во пленарен состав од девет судии, одржал рочиште на 15 јануари 2014 г. Со пресуда од 16 јануари 2014 година, тој го суспендирал извршувањето на одлуката на д-р. Кариже од 11 јануари 2014 година.
25. Судот тврдел најпрво дека членот 2 од Конвенцијата не ја спречувал државата законски да ја регулира можноста за поединецот да се спротистави на третман за продолжување на неговиот живот, ниту пак го спречувал лекарот задолжен за пациент кој не е во состојба да ја изрази својата волја и за чијшто третман тој смета, откако ги обезбедил потребните заштитни мерки, дека претставува неразумна упорност, да стави крај на овој третман, под контрола на лекарскиот совет, на етичкиот комитет на болницата, по потреба, како и на административниот и на кривичниот судија.
26. Понатаму, судот оценил дека од соодветните одредби од Законикот за јавно здравје, кои произлегле од Законот од 22 април 2005 година и како што биле појаснети со работата на парламентот, произлегувало дека вештачката ентерална исхрана и хидратација, кои, како и лековите, подлежат на монополот за дистрибуција што го имаат аптеките, се наменети за обезбедување специфични хранливи материи кај пациенти со нарушени функции и бараат употреба на инвазивни техники за нивно администрирање, претставуваат медицински третман.
27. Забележувајќи дека одлуката на д-р. Кариже се засновала на волјата изразена од страна на Винсен Ламбер да не биде одржуван во живот во состојба на голема зависност, и дека последниов немал однапред подготвени писмени упатства, ниту пак имал назначено лице од доверба, судот сметал дека гледиштето што тој го изразил пред својата сопруга и пред еден од браќата било гледиште на здрав поединец кој не била соочен со директните последици од својата волја, и не претставувало формално изразување на изрична волја, без оглед на неговото професионално искуство со пациентите во слична ситуација. Судот оценил понатаму дека тоа што Винсен Ламбер имал конфликтни односи со неговите родители, чии морални вредности или верска посветеност тој не ги споделувал, не дозволувало да се смета како тој да покажал цврста волја да одбие секаков третман, и дека не можело да се заклучи од неговите изрази на спротиставување на негата постоење на недвосмислена волја во однос на неговата желба да остане во живот или не. Судот заклучи дека д-р. Кариже погрешно ја проценил волјата на Винсен Ламбер.
28. Покрај тоа, судот забележуал дека, според извештајот изготвен во 2011 година од страна на Универзитетската болница во Лиеж (видете став 13 погоре), Винсен Ламбер бил во минимално свесна состојба, вклучувајќи го опстојувањето на емоционална перцепција и постоењето на можни реакции на неговото опкружување и дека, според тоа, вештачката исхрана и хидратација немале за цел да го одржуваат во живот вештачки. Конечно, судот утврдил дека во отсуство на принуди или страдања предизвикани од третманот, тој не можел да се опише како нбескорисен или несразмерен. Оттука, судот заклучил дека одлуката на д-р. Кариже претставувала сериозна и очигледно незаконска повреда на правото на живот на Винсен Ламбер, наредил прекин на нејзиното извршување и, исто така, го одбил барањето тој да биде пренесен во специјализирано одделение за долготрајна нега во Оберхаусберген (Oberhausbergen).
Д. Одлуката на Државниот совет од 14 февруари 2014 година
29. Со три жалби од 31 јануари 2014 година, Рашел Ламбер, Франсоа Ламбер и болничкиот центар ја обжалиле пресудата на судијата за итни жалби од Државниот совет. Жалителите поднеле вкрстена-жалба, барајќи итно префрлање на Винсен Ламбер во специјализираното одделение за долготрајна нега. Националната унија на здруженија на семејства на лица со краниоцеребрални оштетувања (UNAFTC, видете став 8 погоре) поднелa барање за вмешување како трета страна.
30.На рочиштето за итната жалба на 6 февруари 2014 година, претседателот на одделот за судски спорови на Државниот совет одлучил да го упати случајот до пленарниот судски состав од седумнаесет членови, собранието за судски спорови.
31. Рочиштето се одржало на 13 февруари 2014 година. Во своите заклучоци пред Државниот совет, јавниот известител ги цитирал особено зборовите на министерот за здравство упатени до сенаторите кои го испитувале предлог законот познат под името Леонети (Leonetti):
„Ако чинот на прекинување на даден медицински третман (...) резултира со смрт, намерата на чинот [не е да убие: таа е] да и се врати на смртта нејзиниот природен карактер и да се олеснат страдањата. Ова е особено важно за негувателите, чија улога не е да убиваат.“
32. Државниот совет ја донел својата одлука на 14 февруари 2014. Откако ги споил жалбите и го одобрил вмешувањето како трета страна на UNAFTC, Државниот совет ја појаснил со следните термини задачата на судијата за итни жалби кој треба да одлучува врз основа на членот L. 521-2 од Законикот за управно судство:
„Сметајќи дека согласно [членот L. 521-2] управниот судија за итни жалби, до кој е доставено барање во таа смисла оправдано со особена итност, може да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на основна слобода којашто била сериозно и очигледно незаконски повредена од страна на административен орган; дека овие законски одредби му доделуваат на судијата за итни жалби, кој во принцип одлучува сам и кој одредува, согласно членот Л 511-1 на Законот за управно судство, мерки кои имаат времен карактер, овластување да ги нареди, во најкус можен рок и во однос на критериуми за очигледност, потребните мерки за заштита на основните слободи
Сметајќи, меѓутоа, дека судијата за итни жалби е должен да ги врши своите овластувања на посебен начин кога решава за обжалена одлука, врз основа на член L. 521-2 (...), донесена од страна на лекар врз основа на Законикот за јавно здравје и којашто води до прекинување или непочнување на третман врз основа на тоа дека истиот би претставувал неразумна упорност и дека извршувањето на оваа одлука неповратно би нанела повреда на животот; дека тогаш тој мора, доколку е потребно во колективен состав, да ги преземе заштитните мерки кои се неопходни за да го спречи извршувањето на оваа одлука кога таа можеби не ги задоволува претпоставките кои се предвидени со закон, вршејќи помирување на основните слободи во прашање коишто се правото на почитување на животот и правото на пациентот да се согласи да биде подложен на медицински третман и да не се подложи на третман кој би произлегувал од неразумна упорност; дека, во ваков случај, судијата за итни жалби или колективниот состав на кој тој го преупатил случајот може, доколку е потребно, откако привремено го суспендирал извршувањето на мерката и пред да одлучи за жалбата, да наложи лекарска експертиза и да го бара, во согласност со членот Р. 625-3 на Законикот за управни судови, мислењето на секое лице чии компетенции или знаења се од таков вид што ќе бидат корисни за работата на судот.“
33. Државниот совет потврдил дека јасно произлегувало од соодветните членови од Законот за јавно здравје (член L. 1110‑5, 1111 Л.‑4 и R. 4127‑37) и од работата на парламентот дека овие одредби биле од општ дострел и се применувале на Винсен Ламбер како и на сите корисници на здравствениот систем, и го навел следното:
„Сметајќи дека од овие одредби произлегува дека секое лице треба да ја добие најсоодветната нега согласно неговата здравствена состојба, без притоа дејствијата за превенција, истрага и заштита кои се преземени да го подложат истото на ризици кои би биле несразмерни во однос на очекуваниот позитивен ефект; дека овие дејствија сепак не треба да се продолжуваат заради неразумна упорност и дека тие можат да се прекинат или да не се преземат кога се чинат бескорисни или несразмерни или кога немаат никаков друг ефект освен единствено вештачкото одржување во живот, било пациентот да е или да не е на крајот на животот; дека кога тој не е во состојба да ја изрази својата волја, одлуката да се ограничи или прекине даден третман со образложение дека неговото продолжување би претставувало неразумна упорност може, што се однесува до мерка што може да го загрози животот на пациентот, да биде донесена од страна на лекар само во согласност со колективната постапка утврдена со кодексот за лекарска етика и со правилата за консултација утврдени со Законот за јавно здравје; дека лекарот е должен, доколку донесе таква одлука, да го заштити во секој случај достоинството на пациентот и да му обезбеди палијативна нега;
Сметајќи, од друга страна,дека од одредбите на членовите L. 1110-5 и 1110-4 L. од законикот за јавно здравје, надополнети со текстовите од работата на парламентот кои претходеле на усвојувањето на Законот од 22 април 2005 година, произлегува дека законодавецот имал намера да ги вклучи во рамките на третманите кои можат да бидат ограничени или прекинати, врз основ на неразумна упорност, сите дејствија кои се стремат да обезбедат вештачко одржување на виталните функции на пациентот; дека вештачката исхрана и хидратација спаѓаат во овие дејствија и, затоа, тие можат да бидат прекинати кога нивното продолжување претставува неразумна упорност.“
34.Државниот совет потоа сметал дека е негова должност да се осигура, имајќи ги предвид сите околности на случајот, дека биле исполнети условите утврдени со закон за да може да се донесе одлука која ќе стави крај на третман чие продолжување би претставувало неразумна упорност и дека тој требало да располага за оваа намена со најцелосни информации, особено за здравствената состојба на Винсен Ламбер. Следствено, тој сметал дека е неопходно, пред да одлучува по жалбата, да нареди лекарска експертиза доверена на реномирани лекари од областа на неврологијата, со цел да се произнесат, на независен и колегиумски начин, откако ќе го прегледаат пациентот, ќе се состанат со медицинскиот тим и негувателскиот персонал и откако ќе се запознаат со целокупното негово медицинско досие, за моменталната состојба на Винсен Ламбер и да му ги достават на Државниот совет сите корисни информации за перспективите на еволуција на неговата состојба.
35. Државниот совет одлучил дека експертизата ќе биде доверена на колегиум од тројца лекари назначени од претседателот на одделот за судски спорови на предлог наизменично на претседателите на Националната академија за медицина, на Националниот консултативен комитет за етика и на Националниот совет на лекарскиот сојуз, со следната задача, да се заврши во рок од два месеци од неговото конституирање:
„- Да се опише сегашната клиничката состојба на г-дин Ламбер и неговата еволуција од последната контролна евалуација направена во јули 2011 година од страна на Coma Science Group на универзитетскиот болнички центар во Лиеж;
- Да се произнесе за неповратноста на оштетувањето на мозокот на г-дин Ламбер и за клиничката прогноза;
- да одреди дали пациентот е во можност да комуницира, на било каков начин, со неговата околина;
- Да се процени дали постојат знаци кои овозможуваат да се мисли денес дека г-дин Ламбер реагира на негата на која е подложен и, ако е така, дали тие реакции може да се толкуваат како одбивање на оваа нега, страдање, желба за прекинување на третманот кој го одржува во живот или како да укажуваат, напротив, на постоење желба овој третман да биде продолжен.“
36. Од друга страна, Државниот совет оценил дека е неопходно, со оглед на обемот и сложеноста на научните, етичките и деонтолошките прашања кои се поставувале при разгледувањето на случајот, да се поканат, согласно членот R. 625-3 на Законикот за управно судство, Националната академија за медицина, Националниот консултативен комитет за етика и Националниот совет на лекарскиот сојуз како и г-дин Жан Леонети, известител на законот од 22 април 2005, да му достават пред крајот на април 2014 г. писмени забелешки од општ карактер давајќи му корисни информации за примената на концептите на неразумна упорност и на вештачко одржување во живот во смисла на членот L. 1110-5 претходно наведен, особено во однос на лицата кои се, како Винсен Ламбер, во минимално свесна состојба.
37. Конечно, Државниот совет го отфрлил барањето на жалителите за негов трансфер во специјализирано одделение за долготрајна нега (став 29 погоре).
Ѓ. Медицинската експертиза и општите коментари
1. Медицинската експертиза
38. Експертите го прегледале Винсен Ламбер девет пати. Тие се запознале со целокупното медицинско досие, вклучувајќи го особено извештајот на Coma Science Group од Лиеж (видете став 13 погоре), досието за дадената нега, административното досие и имале пристап до сите направени снимки. Тие, исто така, ги разгледале сите елементи на спорното досие кои биле корисни за експертизата. Освен тоа, тие се сретнале во периодот меѓу 24 март и 23 април 2014 г. со сите страни (семејството, медицинскиот тим, лекари советници и претставници на UNAFTC и на болничкиот центар) и направиле серија на прегледи на Винсен Ламбер.
39. На 5 мај 2014 година, експертите им го испратиле на страните својот прелиминарен-извештај за да ги добијат нивните коментари. Нивниот завршен извештај, поднесен на 26 мај 2014 г., ги дал следните одговори на прашањата поставени од страна на Државниот совет.
а) За клиничката состојба на Винсен Ламбер и неговата еволуција
40. Експертите посочиле дека клиничката состојба на Винсен Ламбер кореспондирала на вегетативна состојба, без никаков знак во прилог на минимално свесна состојба. Тие, исто така, истакнале дека тој имал проблеми со голтање и тешки моторни оштетувања на сите четири екстремитети со големи ретракции на тетивите. Тие истакнале дека неговата состојба на свеста се влошила од евалуацијата направена во Лиеж во 2011 година.
б) За неповратноста на оштетувањата на мозокот и за клиничката прогноза
41. Експертите потсетиле дека двата главни фактори кои требало да се земат предвид при проценката на реверзибилната или нереверзибилната природа на оштетувањата на мозокот се, од една страна, времето што поминало од случувањето на несреќата што ги предизвикала и, од друга страна, самата природа на повредите. Во овој случај, тие забележале дека пет и пол години поминале од првичната повреда на главата и дека клиничките снимки покажале голема церебрална атрофија која укажувала на дефинитивна невронска загуба, на речиси целосно уништување на стратешките региони како што се двата таламуси и на горниот дел од мозочното стебло, како и тешко оштетување на каналите за мозочна комуникација. Тие заклучиле дека мозочните оштетувања биле неповратни. Тие, исто така, посочиле дека долгото траење на прогресија, клиничкото влошување од јули 2011 година, тековната вегетативна состојба, деструктивната природа и распространетоста на оштетувањата на мозокот, функционалните резултати, во комбинација со тежината на моторните оштетувања на четирите екстремитети, придонесувале заедно за лоша клиничка прогноза.
в) За способноста на Винсен Ламбер да комуницира со своето опкружување
42. Со оглед на направените испитувања, и особено водејќи сметка за тоа што протоколот за ортофонсика реедукација следен во 2012 година не успеал да се воспостави комуникациски код, експертите заклучиле дека Винсен Ламбер не бил во можност да воспостави функционална комуникација со неговото опкружување.
г) За постоењето на знаци кои укажуваат дека Винсен Ламбер реагира на негата и за нивното толкување
43. Експертите констатирале дека Винсен Ламбер реагирал на негата или дразбите кои биле болни, но заклучиле дека се работело за несвесни одговори. Тие процениле дека не било можно тие да се протолкуваат како свесно доживување на страдање или како израз на намера или на желба во однос на прекинувањето или продолжувањето на третманот.
2. Општите коментари
44. На 22 и 29 април и 5 мај 2014 година, Државниот совет ги добил општите коментари на Националниот совет на лекарскиот сојуз, на г-дин Жан Леонети, известител на законот од 22 април 2005 година, на Националната академија за медицина и на Националниот советодавен комитет за етика.
Националниот совет на лекарскиот сојуз навел особено дека, сo термините „единствено вештачко одржување во живот“ во членот L. 1110-5 од Законикот за јавно здравје, законодавецот ја посочувал состојбата на лицата кај кои, не само што одржувањето во живот е обезбедено само со употреба на средства и техники за замена на клучните животни функции, туку исто и пред се, кај кои е констатирано длабоко и неповратно оштетување на когнитивните и релационите функции. Тој ја нагласил важноста на концептот на временоста, истакнувајќи дека кога се работи за патолошка состојба која станала хронична, и која притоа предизвикува физиолошки оштетувања на лицето и губење на когнитивните и релациони способности, упорноста може да се смета како неразумна штом нема знаци на подобрување.
Г-дин Леонети нагласил дека Законот се применувал на пациенти со мозочни оштетувања, и оттука пациенти со сериозна и неизлечива болест во напредната фаза на болеста, но кои не се нужно на „крајот на животот“, што го довело законодавецот да го наслови законот „правата на пациентите и крајот на животот “, а не „правата на пациентите на крајот на животот“. Тој ги прецизирал критериумите на неразумна упорност како и неговите елементи за евалуација и посочил дека формулацијата која означува третман кој нема „друг ефект освен единствено вештачко одржување на животот", постриктна од првично предвидената формулација која означувала третман „кој вештачки го продолжува животот“, била порестриктивна и се однесувала на вештачкото одржување во живот „во чисто биолошка смисла, со двојното својство дека се работи за пациент со многу големи и неповратни мозочни оштетувања и дека неговата здравствена состојба повеќе не дава можност за свесност за себе си и за воспоставување врски со околината." Тој укажал дека законот ја префрлал одговорноста за одлуката да се прекине третманот само на лекарот и не сакал да ја пренесе оваа одговорност на семејството, за да се избегне чувството на вина и за лицето кое ја донело одлуката да биде идентификувано.
Националната академија за медицина потсетила на суштинската забрана за лекарот намерно да предизвика смрт на друго лице, што е основа на односот на доверба меѓу пациентот и лекарот. Академијата се повикала на анализата што таа ја правела веќе долго време според која законот од 22 април 2005 г. се применувал не само на различните ситуации на „крајот на животот“, туку и на ситуациите кои го поставувале многу тешкото етичко прашање на „престанокот на животот“ на пациент во „преживување“ во состојба на минимална свест или на хронична вегетативна состојба.
Националниот консултативен комитет за етика ги разгледал на продлабочен начин потешкотиите што ги предизвикуваат поимите неразумна упорност, третмани, вештачко одржување во живот, потсетил на медицинските податоци за минимално свесната состојба и го изложил етичкото преиспитување во однос на такви ситуации. Тој особено се залагал да се размислува за тоа колективниот процес на одлучување да може да доведе до вистински процес на колективна одлука и, во случај на непостоење на консензус, да може да се прибегне кон можноста за посредување.
Е. Одлуката на Државниот совет од 24 јуни 2014 година
45. Рочиштето се одржало на 20 Јуни 2014 година пред Државниот совет. Во своите заклучоци, јавниот известител го нагласил особено следново:
„(...) на оние чија вокација [е] да лекуваат, законодавецот [не] сакал да им наметне да го преминат јазот помеѓу тоа да се остави смртта да си ја заврши својата работа, кога ништо повеќе не може да ја спречи, и тоа смртта директно да се предизвика со администрирање на смртоносен производ. Прекинувајќи го третманот, лекарот не убива, тој решава да се повлече кога повееќе ништо не може да се направи.“
Државниот совет ја донел својата одлука на 24 јуни 2014 година. Откако го одобрил вмешувањето како трета страна во постапката на Мари‑Женевиев Ламбер, полусестра на Винсен Ламбер, и потсетил на важечките национални законски одредби, онака како што се искоментирани и дообјаснети со добиените општи коментари, Државниот совет наизменично ги испитал аргументите на жалителите кои се заосновале на Конвенцијата и на домашните закони .
46. По првата точка, Државниот совет потврдил дека кога до судијата за итни жалби била поднесена жалба врз основа на член 521 Л.‑2 од Законикот за управно судство (итна жалба за заштита на основна слобода) против одлука донесена од страна на лекар согласно со законикот за јавно здравје, доведувајќи до прекинување или до неотпочнување на третман под образложение дека истиот би претставувал неразумна упорност и дека извршувањето на оваа одлука би нанела неповратно повреда на животот, тој е должен да испита секаков навод дека одредбите во прашање се некомпатибилни со Конвенцијата (став 32 погоре).
47. Во овој случај, Државниот совет одговорил со следните зборови на аргументите врз основа на член 2 и член 8 од Конвенцијата:
Сметајќи, од една страна, дека оспорените одредби од Законикот за јавно здравје дефинирале правна рамка која го реафирмира правото на секој поединец да ја добие најсоодветната нега, правото да се почитува неговата волја да одбие секаков третман и правото да не биде подложен на медицински третман што би претставувал неразумна упорност; дека овие одредби му овозможуваат на лекар да донесе, во поглед на лице кое не е во состојба да ја изрази својата волја, одлука да го ограничи или прекине третманот кој може да го стави неговиот живот во опасност само под двоен и стриктен услов продолжувањето на овој третман да претставува неразумна упорност и да бидат испочитувани заштитните мерки кои се состојат во земањето предвид на желбите кои евентуално биле искажани од страна на пациентот, во консултирањето на најмалку уште еден друг лекар и на негувателската екипа и во консултирањето на лицето од доверба, на семејството или на близок; дека таквата одлука на лекарот може да биде обжалена пред суд за да се осигура дека условите предвидени со законот се исполнети;
Сметајќи според тоа дека, земени како целина, со оглед на нивната цел и на условите во кои тие мора да се спроведат, оспорените одредби од Законикот за јавно здравје не може да се сметаат за некомпатибилни со одредбите од членот 2 Конвенцијата (...) како и со оние од членот 8 (...) “
Државниот совет, исто така, ги отфрлил аргументите на жалителите врз основа на членот 6 и 7 од Конвенцијата, сметајќи дека улогата доверена на лекарот со одредбите од Законот за јавно здравје не е во согласност со обврската за непристрасност која произлегува од горенаведениот член 6 и дека членот 7, кој се однесува на кривичните обвиненија, не можел корисно да биде повикан во овој случај.
48. За примената на релевантните одредби од Законот за јавно здравје, Државниот совет го навел следното:
„Сметајќи дека, ако вештачката исхрана и хидратација спаѓаат во третманите кои можат да бидат прекинати доколку нивното продолжување претставува неразумна упорност, самиот факт што едно лице е во неповратна несвесна состојба или, a fortiori, во состојба на загуба на автономија што го прави зависно од таков режим на исхрана и хидратација не може да соодветствува, сам по себе, на ситуација во која продолжувањето на третманот би се чинело неоправдано во име на одбивањето на неразумната упорност;
Сметајќи дека, за да се утврди дали условите за престанување на вештачката исхрана и хидратација се исполнети во однос на пациент кој е жртва на сериозни мозочни оштетувања, без оглед на нивното потекло, кој е во вегетативна состојба или минимално свесна состојба која го оневозможува да ја изрази својата волја, и чие одржување во живот зависи од тој начин на исхрана и хидратација, одговорниот лекар мора да се заснова на збир на елементи, медицински и немедицински, чија соодветна тежина не може да се одреди однапред и зависи од индивидуалните околности на секој пациент, пришто тој треба да и пристапи на секоја ситуација во однос на нејзината специфичност; дека, покрај медицинските докази, кои треба да покријат доволно долг период, да бидат анализирани колективно и да се однесуваат особено на состојбата на пациентот, на еволуцијата на неговата состојба од случувањето на несреќата или од појавувањето на болеста, на неговото страдање и на клиничката прогноза, лекарот треба особено да ја земе во предвид волјата што пациентот можеби претходно ја изразил, без оглед на формата и значењето; дека, во однос на ова, под претпоставка дека оваа волја ќе остане непозната, не може да се претпостави дека таа се состои од одбивањето на пациентот да биде одржуван во живот во овие услови; дека лекарот треба да ги земе во предвид и мислењата на лицето од доверба, ако тоа е назначено од страна на пациентот, на членовите на семејството или, во нивно отсуство, на блиско лице, обидувајќи се да постигне консензус; дека тој мора, во испитувањето на личната состојба на пациентот, пред се да се раководи од грижата за најголемото добротворство кон него (...) “
49. Државниот совет потоа појаснил дека тој бил должен да се осигура, во светлината на сите околности на случајот и на елементите изнесени во рамките на контрадикторната постапка спроведена пред него, особено во извештајот на медицинската експертиза, дека одлуката донесена од страна на д-р.Кариже на 11 јануари 2014 г. ги исполнила условите од законот, така што да може да се донесе одлука прекинувајќи го третманот чие продолжување би претставувало неразумна упорност.
50.Во овој поглед, Државниот совет пресудил како што следува:
„Сметајќи, на прво место, дека од истрагата произлегува дека колективната постапка предводена од д-р. Кариже (...), пред интервенирањето на одлуката од 11 јануари 2014 година, била спроведена во согласност со барањата на членот Р. 4127-37 од Законикот за јавно здравје и вклучувала, иако одредбите на овој член бараат да се земе во предвид мислењето на еден лекар и, доколку е потребно, на втор, консултирање со шест лекари; Д-р. Кариже законски не бил обврзан да покани да присуствува на состанокот на 9 декември 2013 г. втор лекар назначен од страна на родителите на г-дин Ламбер, кои веќе имале назначено и прв лекар; дека не произлегува од истрагата дека некои членови од негувателската екипа биле намерно изоставени од овој состанок; дека д-р. Кариже имал право да се сретне со г-дин Франсоа Ламбер, внук на пациентот; дека тоа што д-р. Кариже се спротивставил на барањето за изземање и за трансфер на г-дин Ламбер во друга институција и дека јавно ги изразил своите ставови не претставува, со оглед на сите околности на случајот, неисполнување на обврските што ги вклучува принципот на непристрасност, што тој го задоволил; дека така, во спротивност со она што се тврдело пред Управниот суд на Шалон-ан-Шампањ, постапката која му претходела на донесувањето на одлуката од 11 јануари 2014 година не страдала од неправилности;
Сметајќи, на второ место, дека произлегува, од една страна, од заклучоците на експертите дека „сегашната клиничка состојба на г-дин Ламбер претставува вегетативна состојба“ со „нарушување на голтањето, тешки моторни оштетувања на четирите екстремитета, неколку знаци на нарушено функционирање на мозочното стебло“ и „недопрена респираторна автономија“; дека резултатите на структурните и функционалните церебрални испитувања спроведени на 07-11 април 2014 година (...) се компатибилни со таквата вегетативна состојба и дека клиничката еволуција, обележана со исчезнувањето на флуктуациите на состојбата на свеста на г-дин Ламбер, кои биле констатирани за време на контролната евалуација спроведена во јули 2011 година во Coma Science Group на Универзитетскиот болнички центар во Лиеж, како и со неуспехот на активните терапевтски обиди препорачани во извештајот од контролната евалуација, сугерираат „деградација на состојбата на свеста, од тој датум “;
Сметајќи дека произлегува, од друга страна, од заклучоците од извештајот на експертите дека мозочните испитувања што биле направени покажале тешки и раширени оштетувања на мозокот, што резултирале особено со „тешко оштетување на структурата и на метаболизмот на субкортикалните региони од клучно значење за когнитивното функционирање“ и со „големи структурни нарушувања на каналите на комуникација помеѓу мозочните региони кои се вклучени во свеста“; дека сериозноста на атрофија на мозокот и забележаните оштетувања водат до тоа, по истекувањето на период од пет и пол години од првичната несреќа, да се смета дека оштетувањата на мозокот се неповратни;
Сметајќи, освен тоа, дека експертите заклучиле дека „долготрајноста на еволуцијата, клиничкото влошување од 2011 година, сегашната вегетативна состојба, деструктивната природа и распространетоста на оштетувањата на мозокот, резултатите од функционалните тестови, како и сериозноста на моторните оштетувања на сите четири екстремитети“, сите укажувале на „лоша клиничка прогноза “;
Сметајќи, конечно, дека иако експертите истакнале дека г-дин Ламбер може да реагира на медицинската нега и на одредени дразби, тие назначиле дека карактеристиките на овие реакции укажуваат на тоа дека се работи за несвесни одговори и тие не сметале дека е можно да се толкуваат овие бихевиорални реакции како доказ за „свесно доживување на страдањата“ или како израз на намера или желба во врска со запирање или продолжување на третманот кој го одржува во живот;
Сметајќи дека овие заклучоци, до кои експертите дошле едногласно, по спроведената колективна анализа која вклучувала прегледување на пациентот девет пати, екстензивни испитувања на мозокот, средби со медицинскиот тим и негувателската екипа задолжени за истиот, како и проучување на целиот предмет, ги потврдуваат заклучоците на д-р. Кариже што се однесува до неповратноста на оштетувањата и на клиничката прогноза на г-дин Ламбер; дека размената на елементи и аргументи во рамките на контрадикторната постапка одржана пред Државниот совет по поднесувањето на извештајот на експертиза не ги поништила заклучоците на експертите; дека од извештајот на експертизата, како што е кажано, произлегува дека реакциите на г-дин Ламбер во однос на лекувањето не можат да се толкуваат, и затоа не може да се сметаат како да изразуваат желба за прекин на третманот, д-р.Кариже беше навел во оспорената одлука дека овие однесувања дале повод за различни толкувања на кои требало да се гледа со голема воздржаност и, оттука, тој истите не ги земал како основи за својата одлуката;
Сметајќи, на трето место, дека од одредбите од законикот за јавно здравје произлегува дека желбите на пациентот изразени во форма различна од онаа на однапред изготвените упатства можат да бидат земени во предвид; дека произлегува од истрагата, особено од сведочењето на г-ѓа Рашел Ламбер, дека таа и нејзиниот сопруг, обајцата работејќи како болничари, често ги споменувале своите професионални искуства со пациенти на реанимација или со полихендикепирани пациенти, и дека во таа прилика, г-дин Ламбер јасно и во неколку наврати изразил желба да не биде вештачки одржуван во живот во случај кога би се наоѓал во состојба на голема зависност; дека содржината на овие зборови, датирани и прецизно пренесени од страна на г-ѓа Рашел Ламбер, била потврдена од страна на еден од браќата на г-дин Ламбер; дека иако овие зборови не биле изречени во присуство на родителите г-дин Ламбер, тие не тврдат дека нивниот син не можел да ги изрече или дека изразил сосема спротивни желби; дека неколкумина од браќата и сестрите на г-дин Ламбер укажале дека овие искази биле во согласност со личноста, историјата и личните ставови на нивниот брат; дека, така, д-р. Кариже, наведувајќи ја, во основите на оспорената одлука, својата убеденост дека г-дин Ламбер не сакал пред својата несреќа да живее во такви услови, не може да се смета како тој погрешно да ги протолкувал желбите искажани од страна на пациентот пред несреќата;
Сметајќи, на четврто место, дека одговорниот лекар е обврзан, согласно одредбите на Законикот за јавно здравје, да побара мислење од семејството на пациентот пред секоја одлука за прекинување на терапијата; дека д-р. Кариже ја исполнил оваа обврска советувајќи се со сопругата на г-дин Ламбер, неговите родители и браќа и сестри за време на двете средби што беа споменати погоре; дека доколку родителите на г-дин Ламбер, како и некои од неговите браќа и сестри изразиле мислење спротивно на прекинувањето на третманот, сопругата на г-дин Ламбер и другите негови браќа и сестри го поддржале предложеното прекинување на третманот; дека д-р. Кариже ги зел во предвид овие различни мислења; дека во околностите на случајот, тој проценил дека тоа што членовите на семејството не биле едногласни во однос на на одлуката која требало да биде донесена не претставувало пречка за неговата одлука;
Сметајќи дека од сите горенаведени фактори произлегува дека различните услови утврдени со закон за да може да се донесе, од страна на докторот задолжен за пациентот, одлука за прекинување на третманот кој нема ниеден друг ефект освен единствено вештачкото одржување во животот и чие продолжување би претставувало неразумна упорност можат да се сметаат, во случајот на г-дин Винсен Ламбер и со оглед на контрадикторната истрага спроведена од страна на Државниот совет, како исполнети; дека одлуката од 11 јануари 2014 г. на д-р. Кариже да престане со вештачката исхрана и хидратација на г-дин Винсен Ламбер не може, оттука, да се смета за незаконска.“
51. Следствено, Државниот совет, ревидирајќи ја одлуката на Управниот суд, ги отфрлил барањата на жалителите.
II. РЕЛЕВАНТНОТО НАЦИОНАЛНО ПРАВО И СУДСКА ПРАКСА
А. Законикот за јавно здравје
52. Во согласност со членот L. 1110‑1 од Законикот за јавно здравје (подоле законикот),основното право на здравствена заштита мора да се имплементира со помош на сите достапни средства во корист на секое лице. Членот L. 1110‑2 од законикот наведува дека пациентот има право на почитување на неговиот дигнитет и членот L. 1110‑9 му гарантира на секое лице чија состојба тоа го бара право на пристап до палијативна нега, како што е дефинирано во членот L. 1110‑10 како активна и континуирана нега со цел ублажување на болката, олеснување на психичкото страдање, заштита на достоинството на болното лице и поддршка на неговото окружување.
53. Законот од 22 април 2005 година за правата на пациентите и за крајот на животот, насловен закон Леонети (Leonetti) според името на известителот, г-дин Жан Леонети (видете став 44 погоре), изменил одреден број на членови од законикот. Овој закон бил донесен со работата на парламентарна комисија предводена од г-дин Леонети, која имала за цел да ги преиспита сите прашања во врска на крајот на животот и да предвиди можни законски или регулациски измени. Во рамките на својата работа, парламентарната комисија сослушала многу лица; таа го поднела својот извештај на 30 јуни 2004 година. Законот бил донесен едногласно во Националното собрание на 30 ноември, 2004 година и во Сенатот на 12 април 2005 година.
Законот не дозволува ниту евтаназија, ниту потпомогнато самоубиство. Тој му овозможува на лекарот да го прекине третманот само доколку неговото продолжување претставува неразумна упорност (односно, доколку претставува залудна медицинска нега) и тоа според регулирана постапка.
Релевантните делови од законикот, во верзијата која произлегува од законот, гласат вака:
Член L. 1110-5
„Секое лице има, со оглед на неговата здравствена состојба и итноста на интервенциите што таа ги бара, право да ја добие најсоодветната нега и да бенефицира од терапиите чија ефикасност е признаена и кои ја гарантираат најдобрата санитарна безбедност во однос на потврдените медицински знаења. Дествијата на превенција, испитување или третман не треба, во рамките на можностите на медицинската наука, да го подложат пациентот на несразмерни ризици во однос на очекуваната корист.
Овие дејствија не треба да се продолжуваат со неразумна упорност. Кога тие се чинат бескорисни, несразмерни или како да немаат никаков друг ефект освен единствено вештачко одржување во живот, тие можат да бидат прекинати или да не се преземат. Во овој случај, докторот треба да го зачува достоинството на пациентот на умирање и да се грижи за квалитетот на неговиот живот преку обезбедување на негата наведена во членот L. 1110-1110 (...)
Секој има право да добива нега за ублажување на болката. Болката, во сите околности, треба да биде превенирана, евалуирана, земена во предвид и третирана.
Здравствените работници треба да ги преземат сите мерки кои им се на располагање за на секој пациент да му обезбедат достоинствен живот се до смртта (...) “
Article L. 1111-4
„Секој поединец треба, заедно со професионалното здравствено лице и со оглед на информациите и препораките што истиов му ги дал, да одлучува за своето здравје .
Лекарот мора да ја почитува волјата на поединецот откако го информирал за последиците од неговиот избор (...)
Никаква медицинската процедура ниту третман не може да се практикуваат без слободна и информирана согласност на поединецот и оваа согласност може да биде повлечена во секое време.
Кога поединецот не е во можност да ја изрази својата волја, никаква интервенција нити испитување не можат да бидат направени, освен во случај на итност или невозможност, без притоа да биде консултирано лицето од доверба наведено во членот L. 1111-6, или семејството, или во случај тоа да не е можно, блиско лице.
Кога лицето не е во можност да ја изрази својата волја, ограничувањето или прекинот на третманот кој може да го стави неговиот живот во опасност не може да се направи без да се испочитува колегиумската постапка утврдена во Кодексот на медицинска етика и без лицето од доверба предвидено во членот L. 1111-6 или семејствотото или, во случај тоа да не е можно, блиско лице и, евентуално, без однапред изготвените упатства, да бидат консултирани. Образложената одлука за ограничување или прекин на третманот е впишана во медицинското досие (...) "
Член L. 1111-6
„Секој возрасен поединец може да назначи лице од доверба кое може да биде роднина, близок или лекар, и кое ќе биде консултирано во случај тој самиот да не е во состојба да ја изрази својата волја и да ги добие потребните информации за оваа намена. Ова назначување е во писмена форма. Тоа е отповикливо во секое време. Ако пациентот тоа го сака, човекот од доверба го придружува во неговите последни чекори и присуствува на лекарските прегледи за да помогне во неговите одлуки.
При секоја хоспитализација во здравствена установа, на пациентот му се предлага да го назначи лицето од доверба согласно предвиденото во претходниот став. Ова назначување е валидно за времетраењето на хоспитализацијата, освен ако пациентот не одлучи поинаку (...)“
Член L. 1111-1111
„Секое полнолетно лице може да напише однапред изготвени упатства во случај еден ден тоа да биде во неможност да ја изрази својата волја. Овие однапред изготвени упатства укажуваат на желбите на лицето во врска со неговиот крај на животот во однос на условите за ограничување или прекин на третманот. Тие се отповикливи во секое време.
Под услов истите да биле изготвени помалку од три години пред бесвесната состојба на лицето, лекарот ги зема во предвид за секоја одлука за испитување, интервенција или третман што се однесува на истото (...) "
54. Колективната постапка предвидена во петтиот став од членот L. 1111‑4 од законикот е утврдена во членот R. 4127‑37 од законикот, кој е дел од кодексот на лекарската етика и гласи вака:
„I. Во сите околности, лекарот мора да се стреми да ги олесни страдањата на пациентот со помош на соодветни средства за неговата состојба и да му пружи морална поддршка. Тој мора да се воздржи од секаква неразумна упорност во испитувањата или терапијата и може да се откаже од отпочнување или продолжување на третмани кои се чинат бескорисни, несразмерни или кои немаат друга цел или ефект освен единствено вештачкото одржување во живот.
I Во случаите предвидени во петтиот став од член L. 1111-4 и во првиот став од член L. 1111-13, одлуката да се ограничи или прекине третманот не може да се донесе без претходно спроведување на колегиумска постапка. Лекарот може да иницира колективна постапка по сопствена иницијатива. Тој е обврзан да го стори тоа во однос на однапред изготвените упатства на пациентот поднесени од од страна на еден од носителите на истите, споменати во член R. 1111-1119 или по барање на лицето од доверба, семејството или, во случај тоа да не е можно, на блиско лице. Носителите на однапред изготвените упатства на пациентот, лицето од доверба, семејството или, доколку е потребно, блиското лице се известени, веднаш штом ќе се донесе, за одлуката за спроведување на колективната постапка.
Одлуката да се ограничи или запре третманот е донесена од страна на лекарот задолжен за пациентот, по консултација со негувателската екипа доколку постои и врз основа на образложено мислење на најмалку еден лекар повикан во својство на консултант. Не треба да постои хиерархиска врска помеѓу лекарот задолжен за пациентот и консултантот. Образложеното мислење на втор консултант ќе биде побарано од страна на овие лекари ако еден од нив смета дека тоа е корисно.
Одлуката да се ограничи или прекине третманот ги зема во предвид желбите што пациентот претходно ги изразил, особено во однапред изготвените упатства, доколку такви подготвил, мислењето на лицето од доверба што тој го назначил како и на семејството или, во случај тоа да не е можно, мислењето на блиско лице (...)
Одлуката да се ограничи или прекине третманот е образложена. Собраните мислења, видот и значењето на советувањата кои се одржале во рамките на медицинско-негувателската екипа како и причините за одлуката се внесени во досието на пациентот. Лицето од доверба, ако тоа било назначено, семејството или, во случај кога тоа не е можно, еден од блиските на пациентот се информирани за видот и причините на одлуката да се ограничи или прекине третманот.
III. Кога ограничување или прекинување на третманот било одлучено согласно членовите L. 1110-5 и L. 1111-4. или членовите L. 1111-1113, во согласност со условите предвидени во I и II од овој член, лекарот, дури и ако страдањето на пациентот не може да се процени заради неговата церебрална состојба, администрира третмани, вклучувајќи аналгетици и седативи, за да го придружува лицето согласно принципите и условите утврдени во членот R. 4127-38. Тој, исто така се грижи за тоа семејството на пациентот да биде информирано за ситуацијата и да ја добива потребната поддршка.“
55. Членот R. 4127‑38 од законикот гласи вака :
„Лекарот мора да го придружува пациентот на умирање до неговите последни моменти, да го обезбеди со соодветна грижа и мерки квалитетот на живот што завршува, да го заштити достоинството на пациентот и да пружи утеха на неговите блиски.
Тој нема право намерно да предизвика смрт. “
(...)
III. ТЕКСТОВИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА
(...)
Б. Водичот за постапката на одлучување во врска со медицинските третмани во ситуации на крајот на животот
56. Овој водич е изработен од страна на Комитетот за биоетика на Советот на Европа, во рамките на неговата работа околу правата на пациентите, а со цел да се олесни воспоставувањето на принципите утврдени во Конвенцијата од Овиедо.
Тој има за цел да предложи критериуми за спроведување на процесот на одлучување во врска со медицинските третмани во ситуации на крајот на животот, да ги обедини нормативните и етичките референци, како и елементите во врска со добрата медицинска пракса корисни за здравствените работници кои се соочуваат со спроведувањето на овој процес на донесување одлуки и да придонесе, со разјаснувањата што ги овозможува, кон глобалното размислување на оваа тема.
57. Водичот ги наведува како правни и етички рамки на процесот на одлучување принципите на автономија (слободна, информирана и претходна согласност на пациентот) на доброчинителство, на ненаштетување и на правда (правичност во пристапот до здравствената нега). Водичот наведува дека лекарот не треба да воспостави бескорисен или несразмерен третман во однос на ризиците и принудите кои ги вклучува; тој треба да му даде на пациентот пропорционален и прилагоден третман на неговата состојба. Тој, исто така, има обврска да се грижи за него, да го ублажи неговото страдање и да го придружува.
Третманите ги покриваат интервенциите чија цел е подобрување на здравствената состојба на пациентот со делување врз причините за болеста, но исто така и оние кои не делуваат на етиологијата на болеста, туку врз симптомите на болеста, или кои одговараат на функционална инсуфиценција. Под рубриката „Она што предизвикува дебата“, водичот го наведува следното:
"Прашањето за ограничувањето, прекинувањето или неотпочнувањето на вештачка хидратација и исхрана
Храната и пијалокот кои му се даваат на пациент кој се уште е способен да се храни и да пие се надворешни придонеси кои одговараат на физиолошки потреби што мора да бидат задоволени. Тие се дел од негата обезбедена за пациентот, освен ако тој одбива.
Вештачката исхрана и хидратација му се даваат на пациентот како одговор на медицинска индикација и тие претполагаат избор на постапката и на медицинскиот уред (инфузија, ентерална сонда). Во одреден број на земји, вештачката исхрана и хидратација се сметаат за третмани, а со тоа тие можат да бидат ограничени или прекинати согласно предвидените услови и гаранции за ограничување и прекинување на третман (одбивање на третман изразено од страна на пациентот, одбивање на неразумната упорност или на несразмерен третман проценето од страна на медицинската екипа, и одобрено во рамките на колективна постапка). Прашањата кои се поставуваат во однос на истите се оние врзани за желбите на пациентот и на соодветноста на третманот во одредена ситуација.
Сепак, во други земји, се смета дека вештачката хидратација и исхрана не се третмани кои можат да бидат предмет на одлука за ограничување или прекинување, туку тие претставуваат нега која ги задоволува основните потреби на поединецот која не може да се запре, освен ако пациентот, во терминална фаза на својот живот, изразил таква желба.
Прашањето за соодветноста, на медицински план, на вештачката исхрана и хидратација во терминална фаза е предмет на дебата. За некои, отпочнувањето или продолжувањето на вештачка исхрана и хидратација се сметаат за неопходни за удобноста на пациентот на крај на животот. За други, користа за пациентот од употребата на вештачка исхрана и хидратација во терминална фаза, со оглед на истражувањата во областа на палијативната нега, не е очигледна.“
58. Водичот се однесува на процесот на донесување одлуки за медицинските третмани во ситуации од крајот на животот (било да се работи за нивното воспоставување. менување, адаптирање, ограничување или нивното прекинување). Тој не се занимава со прашањето на евтаназијата, ниту со она на потпомогнатото самоубиство, што некои национални законодавства ги дозволуваат.
59. Иако процесот на донесување одлуки вклучува и други учесници, водичот посочува дека субјектот и главниот учесник е пациентот. Кога истиот не може или веќе не може да учествува во одлуката, таа тогаш е донесена од страна на трето лице, под услови утврдени со националното законодавство во сила, но пациентот е сепак интегриран во процесот на донесување одлуки со посредство на желбите што можеби претходно ги изразил. Водичот ги набројува различните модалитети: желбите на пациентот можеби биле доверени усно на член на семејството или на близок, или на лице од доверба назначено како такво; тие можат да бидат утврдени формално, како однапред изготвените упатства или животниот тестамент, или овластувањето дадено на трето лице, понекогаш наречено овластување за идна заштита (mandat de protection future).
60. Меѓу другите учесници, во процесот на донесување на одлуки се вклучени, каде што е применливо, законскиот застапник или овластено лице, членовите на семејството и блиските, како и негувателите. Водичот нагласува дека улогата на лекарот е суштинска, па дури и најважна, поради неговата способност да ја оцени состојбата на пациентот на медицински план. Кога пациентот не е или не е повеќе во можност да ја изрази својата волја, тој е оној кој, во рамките на колективниот процес за донесување одлуки кој ги вклучува сите засегнати здравствени работници, ќе ја донесе клиничката одлука, предводен од најдобриот интерес на пациентот, откако се запознал со сите контекстуални елементи (советување со семејството, блиските, на лицето од доверба итн.) и откако ги земал во предвид претходно изразените желби во случај кога истите постојат. Во некои системи, одлуката е донесена од страна на трето лице, но лекарот е, во секој случај, тој што го гарантира правилното одлучување.
61. Водичот повторува дека пациентот е секогаш во центарот на процесот на донесување одлуки, којшто процес има колективна димензија кога пациентот не може повеќе или не сака повеќе да учествува во него непосредно. Водичот идентификува три главни фази во процесот на одлучување: поединечна (секој учесник ја гради својата аргументација врз основа на собраните информации), колективна (различните учесници разменуваат информации и дебатираат меѓу себе) и заклучна (донесувањето на самата одлука).
62. Водичот појаснува дека понекогаш е потребно, во случај на значителна дивергентност на ставовите или на голема сложеност или специфичност на поставеното прашање, да се предвиди консултација со трети лица за да се збогати дебатата, или за да се реши дадена тешкотија или конфликт. Советувањето со комитет за клиничка етика, на пример, може да биде соодветно. На крајот на колективната дискусија, мора да се постигне договор и да се дојде до јасен заклучок кој ќе биде колективно валидиран, па потоа формализиран и транскрибиран во писмена форма.
63. Доколку лекарот ја донесе одлуката, тој мора тоа да го стори тоа врз основа на наодите од колективната дискусија и за истата да го обавести, евентуално, пациентот, лицето од доверба и/или семејството на пациентот, негувателската екипа и засегнатите трети лица кои учествувале во процесот. Одлуката мора, исто така, да се формализира (вo писмен облик каде ќе бидат наведени образложенијата) и да се чува на точно одредено место.
64. Водичот го изложува, како прашање кое предизвикува дебата, користењето на длабока седација во терминална фаза, кое може да има ефект на скратување на преостанатиот живот. Водичот конечно сугерира евалуација на процесот на донесување одлуки по неговата имплементација.
(...)
ПРАВО
I. ЗА ПРАВОТО ДА ПОСТАПУВА ВО ИМЕ И НА СМЕТКА НА ВИНСЕН ЛАМБЕР
65. Жалителите сметаат дека запирањето на вештачката исхрана и хидратација на Винсен Ламбер е спротивно на обврските кои произлегуваат за државата од членот 2 од Конвенцијата. Тие сметаат дека лишувањето од храна и хидратација би било за него лошо постапување коешто би соодветствувало на тортура, во смисла на членот 3 од Конвенцијата, а, исто така, нагласуваат дека лишувањето од физикална терапија од октомври 2012 година, како и од рехабилитација на голтањето соодветствува на нечовечко и понижувачко постапување забрането со оваа одредба. Конечно, тие сметаат дека престанокот на хранење и хидратација, исто така, би претставувал напад на физичкиот интегритет на Винсен Ламбер, во рамките на значењето на членот 8 од Конвенцијата.
66. Членовите 2, 3 и 8 од Конвенцијата гласат вака:
Член 2
„ Правото на живот на секој човек е заштитено со закон. Никој не смее намерно да биде лишен од живот(...) »
Член 3
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување“
Член 8
„1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Нема да постои никаво мешање од страна на јавната власт при остварувањето на ова право, освен во согласност со законот и доколку é тоа неопходно во едно демократско општество за заштита на националната безбедност, јавната сигурност или економската благосостојба во земјата, за спречување на немири или извршување на кривично дело, за заштита на здравјето и моралот, или за заштита на правата и слободите на другите.“
А За правото на жалителите да постапуваат во име и за сметка на Винсен Ламбер
a) Аргументи на страните
a) Владата
67. Владата забележува дека жалителите не назначуваат дека сакаат да се постапуваат во име на Винсен Ламбер и го смета за неважно прашањето дали тие можат да поднесат жалба до Судот во негово име.
б) Жалителите
68. Жалителите тврдат дека секој поединец треба да може да ги ужива гаранциите предвидени со Конвенцијата, каков и да е неговиот хендикап, вклучително и ако нема застапник. Тие посочуваат дека домашните судови во ниту еден момент не го ставиле под прашалник нивното право или законски интерес да покренат судска постапка, во оној степен во кој францускиот закон му признава на семејството на пациент чиј третман треба да биде прекинат право да го искаже својот став во однос на мерката во прашање, што нужно подразбира право да се постапува не само во свое име пред суд, туку и во име на пациентот.
69. Повикувајќи се на критериумите поставени од страна на Судот во Koch c. Allemagne (бр. 497/09, §§ 43 и след., 19 јули 2012), жалителите сметаат дека овие критериуми се исполнети во овој случај, односно општиот интерес на случајот, како и блиските семејни врски и нивниот личен интерес за случајот. Тие нагласуваат дека се обратиле до националните судови и потоа до Судот за да ги остварат основните права на Винсен Ламбер согласно членовите 2 и 3 на кои тој самиот не може да се повика и на кои неговата сопруга исто така не може да се повика, бидејќи таа ја прифатила оспорената медицинска одлука.
в) Поединечните трети страни вмешувачи
70. Рашел Ламбер, сопруга на Винсен Ламбер, смета дека жалителите немаат право да постапуваат во име на Винсен Ламбер. Таа потсетила дека Судот се покажал спремен да го признае правото да постапува на роднина или кога жалбените наводи на последниов покренувале прашањe од општ интерес коe се однесувалo на „човековите права“ и оттука засегнатото лице, како наследник, имало легитимен интерс да ја продолжи жалбената постапка, или кога имало директен ефект врз правата на жалителот. Сепак, во случајот Sanles Sanles c. .Espagne ((одл.), бр. 48335/99, ЕСЧП 2000‑XI), Судот сметал дека правата на кои се повикувала жалителката според членовите 2, 3, 5 и 8 од Конвенцијата спаѓале во категоријата на непренослива права и заклучил дека жалителтката, која бил снаата и легитимниот наследник на починатиот, не можела да тврди дека била жртва на повреда во име на својот девер.
71. Во поглед на застапувањето, таа потсетува дека е од суштинско значење за застапникот да докаже дека добил конкретни и јасни упатства од наводната жртва; меѓутоа, ова не е случај со жалителите, кои не добиле никакви конкретни и јасни упатства од Винсен Ламбер, додека истрагата што ја водел Државниот совет го нагласила тоа дека нејзиниот сопруг и се доверил на неа самата и и ги кажал своите желби и волја, како што тоа било поткерпено во постапката пред националните судови.
72. Франсоа Ламбер и Мари‑Женевиев Ламбер, внук и полусестра на Винсен Ламбер, сметаат дека жалителите немаат право да дејствуваат во име на последниов. Тие, најпрво, тврдат дека повредите на членовите 2, 3 и 8 од Конвенцијата што жалителите ги наведуваат се однесуваат на непреносливи права што тие не можат да ги присвојат за себе, второ, дека тие не се законски застапници на Винсен Ламбер, кој е полнолетен и роден во 1976 година и, трето, дека нивната жалба претставува прекршување на слободата на совеста на последниов, на правото на сопствениот живот и го повредува неговиот приватен живот. Франсоа Ламбер и Мари‑Женевиев Ламбер потсетуваат дека ако, исклучително, се случило Судот да прифати дека роднини може да постапуваат во име и на место на жртва за да се повикаат на повреда на членот 3 од Конвенцијата, тоа било само во случај на исчезнување или смрт на жртвата, и во присуство на посебни услови, услови кои не се присутни во овој случај, со што жалбата станува недопуштена. Тие нагласуваат дека Судот имал прилика да ја потврди оваа недопуштеност во случаи кои се однесувале на крајот на животот слични со сегашниот случај (Sanles Sanles, претходно наведена одлука, и Ada Rossi et autres c. Italie (одл.), бр. 55185/08, 16 декември 2008).
73. Конечно, тие сметаат дека, всушност, жалителите се „нелегитимни“ за да ја оспорат одлуката на Државниот совет, со оглед на тоа што ставот што го бранат е спротивен на убедувањата на Винсен Ламбер и дека лекарите како и судиите ги земале предвид желбите на последниов, изразени на неговата сопруга со која го врзувале многу силни врски, пришто тој бил целосно запознаен со прашањето со оглед на неговото професионално искуство на болничар.
2. Оценка на Судот
а) Потстетување на принципите
74. Судот неодамна потсети, во случаите Nencheva et autres c. Bulgarie (бр. 48609/06, 18 јуни 2013) и Centre de ressources juridiques au nom de Valentin Câmpeanu c. Roumanie ([ГС], бр. 47848/08, ЕСЧП 2014), на следниве принципи.
За да може да се повика на членот 34 од Конвенцијата, жалителот треба да може да тврди дека е жртва на повреда на Конвенцијата; поимот „жртва“, во согласност со утврдената судска пракса на Судот, треба да се толкува автономно и независно од националните поими како што се оние кои се однесуваат на законскиот интерес или правото да се постапува (Nencheva et autres, претходно наведена, § 88). Засегнатиот мора да покаже дека е „директно погоден“ од мерката во прашање (Centre de ressources juridiques au nom de Valentin Câmpeanu, претходно наведена, § 96, и наведената судска пракса ).
75. Има исклучок од овој принцип кога наведената повреда или наведените повреди на Конвенцијата се тесно поврзани со исчезнувања или смртни случаи во околности за кои се тврди дека ја вклучуваат одговорноста на државата. Во такви случаи, навистина, Судот им го признава на блиските роднини на жртвата правото да поднесат жалба (Nencheva et autres, претходно наведена, § 89, Centre de ressources juridiques au nom de Valentin Câmpeanu, претходно наедена, §§ 98-99, и наведената судска пракса).
76. Понатаму, ако жалбата не е поднесена од страна на самата жртва, членот 45 § 3 бара да се обезбеди соодветно потпишано овластување. Од суштинско значење за застапникот е да покаже дека добил конкретни и јасни упаства од наводната жртва во името на која тој има намера да пстапува пред Судот (Post c. Pays-Bas (одл.), бр. 21727/08, 20 јануари 2009, Nencheva et autres, претходно наведена, § 83 и Centre de ressources juridiques au nom de Valentin Câmpeanu, претходно наведена, § 102). Органите на Конвенцијата, меѓутоа, оцениле дека специјални приоди можеле да се оправдаат во случајот на наводни жртви на повреди на членовите 2, 3 и 8 од Конвенцијата од страна на националните власти. Така, жалби поднесени од страна на поединци во име на жртвата или жртвите биле прогласени за допуштени, иако не било презентирано никакво валидно овластување (Centre de ressources juridiques au nom de Valentin Câmpeanu, претхдно наведена, § 103).
77. Посебно внимание било посветено на фактори на ранливост, како што се возраста, полот или хендикепот, кои можат да попречат некои жртви да покренат судска постапка, земајќи ги во предвид, исто така, врските помеѓу жртвата и подносителот на жалбата ((ibidem)).
78. Така, во случајот S.P., D.P. et A.T. c. Royaume-Uni бр. 23715/94, одлука на Комисијата од 20 мај 1996), кој се фокусирал посебно на членот 8 од Конвенцијата, Комисијата ја прифатила жалбата поднесена од страна на solicitor во име на децата кои ги застапувал во домашната постапка, во која тој бил назначен од страна на старателот ad litem, откако истакнал особено дека нивната мајка не се интересирала за нив, дека локалните власти биле критикувани во жалбата и дека немало спротиставени интереси помеѓу адвокатот и децата.
Во случајот İlhan c. Турција ([ГС] бр. 22277/93, §§ 54-55, EСЧП 2000‑VII), во кој директната жртва, Абдулатиф Илхан (Abdüllatif İlhan), претрпел сериозни последици како резултат на малтретирање од страна на силите за безбедност, Судот оценил дека жалбата врз основа на членот 2 и 3 од Конвенцијата била валидно поднесена од страна на неговиот брат, во онаа мера во која од фактите произлегувало дека Абдулатиф Илхан се согласил на поднесувањето на жалбата, во која немало конфликт на интереси помеѓу него‑и неговиот брат, кој бил одблиску погоден од инцидентот, и во која тој се наоѓал во особено ранлива ситуација поради последиците од кои страдал.
Во случајот Y.F. c. Turquie (бр.24209/94, § 31, ЕСЧП 2003‑IX), во кој сопруг се жалел, повикувајќи се на членот 8 од Конвенцијата, дека неговата сопруга била принудена да се подложи на гинеколошки преглед на крајот на полицискиот притвор, Судот сметал дека било дозволено за жалителот како близок на жртвата, да се поднесе жалбен навод во врска со наводната повреда на Конвенцијата формулирана од страна на неговата сопруга, особено во светлината на ранливата состојба во која таа се нашла во конкретните околности на случајот.
79. Покрај тоа, повторно во контекст на членот 8 од Конвенцијата, Судот дозволил неколку пати родители кои немале родителски права да можат да поднесат жалба пред него во име на своите малолетни деца (видете особено Scozzari et Giunta c. Italie [ГС], бр. 39221/98 и 41963/98, §§ 138-139, ЕСЧП 2000‑VIII, Šneersone et Kampanella c. Italie, бр. 14737/09, § 61, 12 јули 2011, Diamante et Pelliccioni c. Saint Marin, бр. 32250/08, §§ 146-147, 27 септември 2011, A.K. et L. c. Croatie, бр. 37956/11, §§ 48-50, 8 јануари 2013 и Raw et autres c. France, бр. 10131/11, §§ 51-52, 7 март 2013). Суштинскиот критериум што Судот го задржал во овие случаи е ризикот некои интереси на малолетниците да не бидат земени во предвид и тие да бидат лишени од ефикасна заштита на правата што произлегуваат од Конвенцијата.
80. На крајот, Судот неодамна усвои сличен пристап во случајот Centre de ressources juridiques au nom de Valentin Câmpeanu претходно наведена, кој се однесуваше на млад човек со ромско потекло серизно хендикепиран и ХИВ позитивен починат во болница пред поднесувањето на жалбата без познати роднини и без притоа државата да му назначи застапник. Со оглед на исклучителните околности на овој случај и на сериозноста на наводите, Судот му го признал правото на Центарот за правни ресурси (Centre de ressources juridiques) да го застапува Валентин Кампеану (Valentin Câmpeanu), нагласувајќи дека да се одлучи спротивното ќе значело да се спречи овие сериозни наводи за повреда на Конвенцијата да може да се разгледаат на меѓународно ниво (§ 112).
б) Примена во конкретниот случај
81. Жалителите се жалеле во името на Винсен Ламбер дека имало повреда на членовите 2, 3 и 8 од Конвенцијата (видете став 65 погоре).
82. Судот смета, најпрво, дека судската пракса во врска со жалбите поднесени во име на починати лица не е применлива во овој случај, бидејќи Винсен Ламбер не е умрен, туку се наоѓа во состојба опишана од страна на медицинска експертиза како вегетативна состојба (став 40 погоре). Оттука, Судот е должен да утврди дали се соочуваме со услови за кои тој оценил дека може да се поднесе жалба во име и за сметка на ранливо лице без истото да дало валидно овластување ниту пак упатства на оној кој тврди дека постапува во негово име (видете став 78-80 погоре).
83. Тој забележува дека ниту еден од случаите во кои тој дозволил исклучително едно лице да може да постапува за друго не е сличен на конкретниот случај. Случајот Centre de ressources juridiques au nom de Valentin Câmpeanu претходно наведен мора да се разликува од овој, бидејќи во него директната жртва била почината и немало кој да ја застапува. Меѓутоа, во овој случај, иако директната жртва не е во состојба да се изрази, повеќе членови на нејзиното потесно семејство сакаат да зборуваат во нејзино име, иако имаат дијаметрално спротивни ставови. Од една страна, жалителите пред се се повикуваат на правото на живот заштитено со членот 2, за коешто Судот потсети во случајот Pretty c. Royaume-Uni (бр. 2346/02, § 65, ЕСЧП 2002‑III) дека е „свето“, од друга рана поединечните трети страни вмешувачи (Рашел Ламбер, Франсоа Ламбер и Мари Женевиев Ламбер) се засноваат на правото на почитување на приватниот живот и особено правото на секој поединец, вклучено во поимот на личната автономија (Pretty, § 67, Haas c. Suisse, бр, 31322/07, § 51, ЕСЧП 2011 и Koch, претходно наведена, § 52).
84. Од своја страна, жалителите му предлагаат на Судот да ги примени критериумите утврдени во пресудата Koch (цитирана погоре, § 44), што тие сметаат дека во својот поднесок, ги исполнуваат, односно, постоењето на блиски семејни врски, тоа што имаат доволен личен или законски интерес за исходот на постапката и тоа што тие претходно изразиле интерес за случајот.
85. Сепак, Судот потсетува дека во случајот Koch претходно наведена, жалителот тврдел дека страдањата на неговата сопруга и конечните околностите на смртта на истата го погодиле до таа мера што претставувале прекршување на неговите права во согласност со членот 8 од Конвенцијата (§ 43). Судот, значи, бил повикан да се произнесе токму за оваа точка, и токму во овој контекст тој оценил дека било соодветно да се земат во предвид и критериумите што тој ги развил во сопствената судска пракса и кои му овозможуваат на член на семејството или на наследник да поведе постапка пред него во името на покојникот (§ 44).
86. Меѓутоа, Судот е на мислење дека овие критериуми не се применливи во овој случај, бидејќи Винсен Ламбер не е починат и жалителите имаат намера да поднесат жалбени наводи во негово име.
87. Испитувањето на судската пракса во врска со случаи во кои органите на Конвенцијата дозволиле трета страна да може, во исклучителни случаи, да постапува во име и за сметка на ранливо лице (видете ставови 78-80 погоре) ги нагласува следниве два главни критериуми: постоењето ризик правата на директната жртва да бидат лишени од ефективна заштита и непостоењето на конфликт на интереси меѓу жртвата и жалителот.
88. Применувајќи ги тие критериуми во односниот случај, Судот најпрво не гледа ризик правата на Винсен Ламбер да бидат лишени од ефективна заштита. Така, во согласност со својата утврдена судска пракса (видете ставови 75 погоре и 100 подолу), жалителите, во нивното својство на роднини на Винсен Ламбер, можат пред него да се повикаат во свое сопствено име на правото на живот заштитено со членот 2.
89. Во согласност со вториот критериум, Судот мора потоа да утврди дали има конвергенција на интереси меѓу жалителите и Винсен Ламбер. Во оваа смисла, тој забележува дека еден од клучните аспекти на интерната процедура се состоел токму во тоа да се определат желбите на последниов. Така, одлуката на д-р. Кариже од 11 јануари 2014 година се засновала на сигурноста дека тој „не сакал пред својата несреќа да живет во такви услови“ (став 22 погоре). Во својата одлука од 24 јуни 2014 година, Државниот совет оценил, со оглед на сведоштвата на сопругата и братот на Винсен Ламбер и изјавите на неколку од другите негови браќа и сестри, дека врз основа на оваа причина, д-р. Кариже„ не [можел] да се смета дека погрешно ги протолкувал желбите искажани од страна на пациентот пред неговата несреќа“ (став 50 погоре). Во овие околности, Судот не смета дека е утврдено дека постои конвергенција на интереси помеѓу она што го изразуваат жалителите и онна што го посакувал Винсен Ламбер.
90. Судот заклучува дека жалителите немаат право да ги поднесат во име и за сметка на Винсен Ламбер жалбените наводи според членовите 2, 3 и 8 од Конвенцијата на кои се повикуваат.
91. Следува дека овие жалбени наводи се некомпатибилни ratione personae со одредбите на Конвенцијата во смисла на членот 35 § 3 а) и мора да бидат отфрлени согласно членот 35 § 4.
Б. За правото да постапува на Рашел Ламбер во име и за сметка на Винсен Ламбер
a) Аргументи на страните
92.Со писмо од нејзиниот правен советник од 9 јули 2014 година, Рашел Ламбер побарала да го застапува својот сопруг, Винсен Ламбер, како трета страна вмешувач во постапката. Таа доставила во поткрепа на ова барање пресудата на судијата за старателсво од Шалон‑во‑Шампањ од 17 декември 2008 г. овластувајќи ја да го застапува нејзиниот сопруг во вршење на овластувањата кои произлегуваат од бракот, како и две потврди изготвени од сестра и полубрат на Винсен Ламбер. Врз основа на овие потврди, последниов не сакал неговите родители, од кои тој бил морално и физички оддалечен, да носат одлука во неговиот случај, туку неговата сопруга, која била неговото лице од доверба. Таа, исто така, поденела потврда од нејзината свекрва која наведува дека ја придружувала во јули 2012 година на консултација со професор по медицина од Универзитетскиот болнички центар во Лиеж, во присуство на првите двајца жалители, консултација на која таа самата и Рашел Ламбер ја пренеле желбата на Винсен Ламбер да не живее во ситуација на хендикеп доколку се случело такво нешто, и каде втората жалителка рекла дека доколку прашањето на евтаназија се поставело, таа ќе ја оставела одлуката за тоа на Рашел Ламбер. Во своите забелешки, Рашел Ламбер тврди дека со оглед на тоа дека нејзиниот сопруг неа и ги изразил своите желби, и дека тоа било поткрено со поднесените потврди, само таа има право да постапува во име на Винсен Ламбер и да го застапува.
93. Владата не се произнела по оваа точка.
94. Жалителите тврдат дека пресудата на судијата за старателство поднесена од страна на Рашел Ламбер не и дава општо право на застапување на нејзиниот сопруг, туку само право на претставување во врска со сопственичките прашања. Оттука, таа не може да тврди дека е единственото лице кое може да го застапува нејзиниот сопруг пред Судот. Згора на тоа, жалителите тврдат дека потврдите што таа ги поднела пред Судот немаат правна вредност и ја оспоруваат содржината на потврдата од нејзината свекрва. Тие истакнуваат дека Винсен Ламбер не назначил лице од доверба и заклучуваат дека, со оглед на сегашната состојба на францускиот закон и со оглед на тоа што немало старателство или туторство, Винсен Ламбер не е застапуван од никого во постапките што го засегаат лично.
2. Оценка на Судот
95. Судот забележува дека ниту една одредба од Конвенцијата не овластува трета страна вмешувач да застапува друго лице пред него. Понатаму, согласно членот 44 § 3 а) од деловникот, трета страна вмешувач е секое засегнато лице „освен жалителот“.
96. Во овие околности, Судот мора да го отфрли барањето на Рашел Ламбер.
В. Заклучок
97. Судот заклучил дека жалителите немале право за да се повикаат, во името и за сметка на Винсен Ламбер, на повредата на членовите 2, 3 и 8 од Конвенцијата (видете ставови 90-91 погоре) и, исто така, го отфрлил барањето на Рашел Ламбер да го претставува својот сопруг како трета страна вмешувач (видете ставови 95-96 погоре).
Сепак, Судот укажува дека, и покрај она што го констатирал за допуштеноста, тој ќе ги испита подоле сите суштински прашања кои произлегуваат од овој случај, во согласност со членот 2 од Конвенцијата, со оглед на тоа што жалителите се повикале на истите во свое име.
II. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 2 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
98. Жалителите сметаат дека запирањето на вештачката исхрана и хидратација на Винсен Ламбер ќе биде спротивно на обврските надржавата кои произлегуваат од членот 2 од Конвенцијата. Тие го нагласуваат и недостатокот на јасност и прецизност на законот од 22 април 2005 година и го оспоруваат процесот кој довел до одлуката на лекарот од 11 јануари 2014 година.
99. Владата се противи на овој аргумент.
A. За допуштеноста
100. Судот потсетува на својата пракса согласно која блиските роднини на лице за кое се наведува дека неговата смрт ја вклучува одговорноста на државата можат да тврдат дека се жртви на повреда на членот 2 од Конвенцијата (видете став 75 погоре). Иако до денес Винсен Ламбер е жив, сигурно е дека доколку вештачката хидратација и исхрана бидат прекинати, тој ќе почине за многу кратко време. Затоа, дури и ако се работи за потенцијална или идна повреда (Tauira et 18 autres c. France, бр. 28204/95, одлука на Комисијата од 4 декември 1995, Décisions et Rapports (DR) 83-A, стр. 131), Судот смета дека жалителите, во нивното својство на блиски на Винсен Ламбер, може да се повикаат на членот 2 наведен погоре.
101. Судот забележува дека овој жалбен навод не е очигледно неоснован, во смисла на членот 35 § 3 а) од Конвенцијата. Судот понатаму забележува дека тој не е спротивен на која и да е друга основа за недопуштеност. Оттука. тој треба да биде прогласен за допуштен.
Б. За основаноста
1. За важечкиот стандард
102. Судот потсетува дека првата реченица од членот 2, кој е еден од клучните членови од Конвенцијата со тоа што утврдува една од темелните вредности на демократските општества кои го сочинуваат Советот на Европа (McCann et autres c. Royaume-Uni, 27 септември 1995, §§ 146-147, Серија А бр 324) и ја наметнува на државата обврската не само да се воздржи од „намерно“ предизвикување смрт (негативни обврски) туку исто така и да ги преземе потребните мерки за заштита на животите на лицата кои спаѓаат во рамките на нејзината надлежност (позитивни обврски) (L.C.B. c. Royaume-Uni, 9 јуни 1998, § 36, Recueil des arrêts et décisions 1998‑III).
103. Судот ќе ги испита еден по друг овие два аспекта и ќе разгледа прво дали конкретниот случај ги вклучува негативните обврски на државата, согласно членот 2 наведен претходно.
104. Иако жалителите признаваат дека престанокот на исхраната и хидратацијата можат да бидат легитимни во случај на неразумна упорност и иако велат дека ја признаваат легитимната разлика помеѓу, од една страна, евтаназијата и потпомогнатото самоубиство, и, од друга страна, тераписката апстиненција која се состои во тоа да се запре или да не се отпочне третман кој станал неразумен, тие тврдат во неколку наврати во своите забелешки дека, со оглед на тоа што, според нив, овие услови не се исполнети, во овој случај станува збор за намерно предизвикување смрт и се повикуваат на поимот „евтаназија“.
105. Владата истакнува дека целта на медицинската одлука не е да се прекине животот, туку да се стави крај на третмани кои пациентот ги одбива или, ако тој не може да ја изрази својата волја, за кои лекарот смета, со оглед на медицински и немедицински елементи, дека претставуваат неразумна упорност. Таа го цитира јавниот известител пред Државниот совет кој, во своите заклучоци од 20 јуни 2014 година, истакнал дека со прекинување на третманот, лекарот не убива, тој решава да се повлече кога ништо повеќе не може да се направи (став 45 погоре).
106. Судот забележува дека Законот од 22 април 2005 година не ја дозволува ниту евтаназијата, ниту потпомогнато самоубиство. Тoj му дозволува на лекарот да прекине лекување само ако неговото продолжување претставува неразумна упорност и според регулирана постапка. Во своите забелешки поднесени до Државниот совет, Националната академија за медицина потсети на фундаменталната забрана за лекарот намерно да предизвика смрт на друго лице, која е во основата на довербата меѓу пациентот и лекарот. Оваа забрана е содржана во членот R. 4127-38 од Законикот за јавно здравје во кој се наведува дека докторот нема право да намерно да предизвика смрт (став 55 погоре).
107. На рочиштето од 14 февруари 2014 година, јавниот известител пред Државниот совет ги цитираше зборовите на министерот за здравство до сенаторите кои го испитувале предлог законот наречен Леонети:
„Ако чинот на прекинување на даден медицински третман (...) резултира со смрт, намерата на чинот [не е да убие: таа е] да и се врати на смртта нејзиниот природен карактер и да се олеснат страдањата. Ова е особено важно за негувателите, чија улога не е да убиваат.“
108. Во случајот Glass c. Royaume-Uni ((одл.), бр. 61827/00, 18 март 2003 година), жалителите се жалеле, потпирајќи се на членот 2 од Конвенцијата, заради администрирањето на диаморфин на нивниот син, без нивна согласност, од страна на лекарите од болницата каде што бил лечен, со ризик да доведе до смрт. Судот утврдил дека лекарите немале смислена намера да го убијат детето или да ја забрзаат неговата смрт и ги разгледал жалбените наводи на родителите во однос на позитивните обврски на властите (видете, исто така, Powell c. Royaume-Uni (одл.), бр 45305/99, ЕСЧП 2000‑V).
109. Судот забележува дека како кандидатите така и Владата прават разлика помеѓу намерно предизвиканата смрт и тераписката апстиненција (видете ставови 104-105 погоре) и ја истакнува важноста на оваа разлика. Во контекст на француското законодавство, кое забранува намерно предизвикување смрт и кое овозможува само под одредени услови да се прекинат или да не се отпочнат третмани кои одржуваат вештачки во живот, Судот смета дека овој случај не ги вклучува негативните обврски на државата според членот 2 и ќе ги разгледа жалбените наводи на жалителите само во областа на позитивните обврски на државата.
2. За почитувањето од страна на државата на позитивните обврски
а) Аргументите на страните и на третите страни вмешувачи
i) Жалителите
110. Жалителите сметаат, прво, дека законот од 22 април 2005 година не се однесува на Винсен Ламбер, за кој велат дека не е ниту болен ниту на крај на животот, туку сериозно хендикепиран. Тие ја критикуваат „нејасноста“ на законот во однос на следниве точки: концептот на неразумна упорност (а особено критериумот на третман „кој нема никаков друг ефект освен единствено вештачкото одржување во живот“ за којшто сметаат дека е целосно непрецизен) и квалификацијата на вештачката хидратација и исхрана како третмани, а не како нега. Тие сметаат дека ентералната исхрана што ја добива Винсен Ламбер не е третман кој може да биде прекинат и дека неговата медицинска состојба не спаѓа во рамките на неразумна упорност.
111. Тие сметаат дека процесот што довел до одлуката на лекарот од 11 јануари 2014 г. не е во согласност со обврските на државата според членот 2 од Конвенцијата. Тие тврдат дека нема ефективна колективност на постапката, која се однесува само на чисто советодавни мислења, со тоа што лекарот одлучува сам. Тие сметаат дека други системи се можни, кои би им овозможиле на други лекари или на членовите на семејството, во отсуство на лице од доверба, да учествуваат во донесувањето на одлуки. Конечно, тие тврдат дека законот би требало да ја земе во предвид претпоставката за постоење несогласување меѓу членовите на семејството и да предвиди во најмала рака посредување.
ii) Владата
112. Владата тврди дека Законот од 22 април 2005 г. го помирува правото на почитување на животот и правото на пациентот да прифати или да одбие третман. Дефиницијата на неразумна упорност се базира на етичките принципи на доброчинителство и на не-наштетување на кои потсетува споменатиот „Водич за процесот на донесување одлуки за медицинските третмани на крајот на животот“ на Советот на Европа, согласно која здравствените работници можат да дадат само соодветни третмани и мора да се раководат само од користа на пациентот, која мора да се процени на глобално ниво. Во овој поглед, медицински, но, исто така, и не-медицински елементи, а особено волјата на пациентот, треба да се земат во предвид. Таа потсетува дека, за време на парламентарната дебата за Законот, амандманот чија цел било исклучувањето на вештачката хидратација и исхрана од полето на третманите бил отфрлен и истакнува дека третманите, исто така, ги опфаќаат средствата и интервенциите кои се однесуваат на оштетените функции на пациентот и кои претполагаат спроведување на интрузивни медицински техники.
113. Владата нагласува дека францускиот закон предвидува одреден број на процедурални заштитни мерки: земањето во предвид на волјата на пациентот, на мислењето на лицето од доверба, на семејство или на блиските, како и спроведувањето на колективна постапка во која се вклучени семејството и блиските. Конечно, таа појаснува дека одлуката на лекарот е предмет на судска ревизија.
iii) Третите страни
α) Рашел Ламбер
114. Рашел Ламбер смета дека законот од 22 април 2005 г. ја придружува одлуката на лекарот со многубројни заштитни мерки и го осигурува правото на секој поединец да ја добие најсоодветна нега и правото да не биде подложен на третман што би претставувал неразумна упорност. Таа нагласува дека законодавецот не сакал да го ограничи признавањето на претходно изразената волја на пациентот само на случаите кога тој назначил лице од доверба или однапред изготвил упатства; кога тоа не било случај, се барало мислењето на семејството со примарна цел да се утврди она што пациентот ќе го сакал.
115. Осврнувајќи се на колеективната постапка која била спроведена во овој случај, таа тврди дека д-р. Кариже консултирал шест лекари (меѓу кои тројца екстерни на болницата), свикал состанок со скоро сите негуватели и сите лекари, организирал две семејни советувања и дека неговата одлука е широко образложена и сведочи за сериозноста на неговиот пристап.
β) Франсоа Ламбер и Мари-Женевјев Ламбер
116. Франсоа Ламбер и Мари-Женевјев Ламбер сметаат дека одлуката на лекарот е донесена во согласност со законот од 22 април 2005 година споменат погоре, чии одредби тие ги наведуваат. Тие истакнуваат дека податоците од медицинската експертиза наредена од страна на Државниот совет добро го оквалификувале поимот на третмани кои го имаат за цел единствено вештачкото одржување во живот, појаснувајќи дека токму неспособноста на Винсен Ламбер самиот да се храни и хидратира без медицинската помош на ентерална хидратација и исхрана е онаа која би ја причинила неговата смрт.
117. Тие тврдат дека процесот на донесување на одлуки во овој случај бил особено долг, прецизен и притоа ги почитувал правата на сите, на медицинските и парамедицинските мислења, како и оние на членовите на семејството кои биле поканети да учествуваат во него (особено жалителите кои бенефицирале од помошта од лекар по слободен избор во текот на целиот процес) и кои биле целосно информирани во секоја фаза. Конечната одлука, според нив, била донесена во согласност со законскиот и конвенционалниот процес утврден од страна на „Водичот за процесот на одлучување во врска со медицинските третмани на крајот на животот“ на Советот на Европа.
γ) (UNAFTC) Националната унија на здруженија на семејства на лица со краниоцеребрални оштетувања
118. UNAFTC ја одрази загриженоста на семејствата и институциите што ги претставува и ги достави следните гледишта: пациентите во хронична вегетативна состојба и во минимално свесна состојба не се на крајот од животот и не се одржуваат вештачки во живот; кога пациентот не е во состојба на животна опасност, вештачката исхрана и хидратација не треба да се сметаат за третман кој може да се сопре. UNAFTC смета дека волјата на пациентот не може да се реконституира од усни изјави пренесени од страна на некои членови на семејството, тврди сомнежот секогаш треба да биде во корист на животот и дека во секој случај, во отсуство на однапред изготвени упатства и на лице од доверба, одлука за прекинување на третманот не може да биде донесена во отсуство на семеен консензус.
δ) Amréso-Bethel
119. Здружението Амрезо-Бетел (Amréso-Bethel) кое раководи со одделение за нега на пациенти во минимално свесна состојба или постојана вегетативна состојба, го изложува начинот на кој овие пациенти се згрижени.
ε) Клиниката за човекови права
120. Со оглед на многубројноста на концепциите во врска со крајот на животот во светот и на разликите што се однесува до условите под кои може да се врши пасивна евтаназија, Клиниката за човекови права смета дека државите треба да имаат широк простор за слободна проценка за да постигнат рамнотежа помеѓу личната автономија на пациентот и заштитата на неговиот живот.
б) Оценка на Судот
з) Општи согледувања
α) За постоечката судска пракса
121. Судот никогаш не одлучувал за прашањето што е предмет на оваа жалба, но тој испитал одреден број на случаи кои се однесувале на слични проблеми.
122. Во првата група на случаи, жалителите или нивните блиски се повикувале на правото да се умре засновајќи се на различни членови од Конвенцијата.
Во случајот Sanles Sanles цитиран погоре, жалителката се повикала во име на својот зет тертраплегичар кој сакал да се стави крај на својот живот со помош на трето лице и починал пред поднесувањето на жалбата, на правото на достоинствена смрт, потпирајќи се на членовите 2, 3, 5, 6, 8, 9 и 14 од Конвенцијата. Судот ја отфрлил жалбата како некомпатибилна ratione personae со одредбите од Конвенцијата.
Во случајот Pretty цитиран погоре, жалителката страдала од невродегенеративна неизлечлива болест и се жалела, потпирајќи се на членовите 2, 3, 8, 9 и 14 од Конвенцијата, дека нејзиниот сопруг не можел да и помогне да изврши самоубиство без да биде гонет од страна на британските власти. Судот заклучил дека немало повреда на овие членови.
Случаите Haas и Koch цитирани погоре се однесувале на потпомогнатото самоубиство и жалителите се повикувале на членот 8 од Конвенцијата. Во случајот Haas каде што жалителот, кој веќе долго време страдал од сериозно биполарно афективно растројство, сакал да стави крај на својот живот и се жалел дека да не може да ја добие без лекарски рецепт смртоносната супстанција потребна за таа цел, Судот заклучил дека немало повреда на членот 8 наведен погоре. Во случајот Koch жалителот тврдел дека одбивањето да и се дозволи на неговата жена (парализирана и ставена на механичка вентилација) да се снабди со смртоносна доза на лекови за да може да стави крај на својот живот го повредиле правото на истата, како и неговото право, на почитување на нивниот приватен и семеен живот. Тој, исто така, се жалел на одбивањето од страна на националните судови да ја испитаат основаноста на неговите жалбени наводи и Судот утврдил повреда на членот 8 само по оваа точка.
123. Во втора група на случаи, жалителите го оспорувале давањето или прекинувањето на третман.
Во случајот Glass цитиран погоре, жалителите се жалеле на давањето на диаморфин без нивна согласност на нивното болно дете од страна на лекарите од болницата, како и на посочувањето: „да не се реанимира“ во неговото досие. Во својата горенаведена одлука од 18 март 2003 година, Судот го прогласил за неоснован нивниот жалбен навод според членот 2 од Конвенцијата и, во својата пресуда од 9 март 2004 година, тој заклучил дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата.
Во случаотј Burke c. Royaume-Uni ((одл.), бр.19807/06, 11 јули 2006 година), жалителот страдал од неизлечива невродегенеративна болест, и се плашел дека насоките кои се применувале во Обединетото Кралство можеле да доведат до тоа во даден момент да му бидат прекинати вештачката хидратација и вештачката исхрана. Судот ја прогласил неговата жалба за недопуштена заради очигледна неоснованост, врз основа на членовите 2, 3 и 8 од Конвенцијата.
Конечно, во одлуката Ada Rossi et autres цитирана погоре, Судот ја прогласил за некомпатибилна ratione personae жалбата поднесена од страна на физички лица и здруженија кои се жалеле, согласно членовите 2 и 3 од Конвенцијата, на негативните ефекти кои би можело да го има за нив извршувањето на пресудата на италијанскиот касационен суд кој дозволил да се запре вештачката хидратација и исхрана на една девојка во вегетативна состојба.[1]
124.Судот потсетува дека, со исклучок на повредите на членот 8 во пресудите Glass и Koch наведени погоре, тој не утврдил повреда на Конвенцијата во ниту еден од овие случаи.[2]
β) За контекстот
125. Членот 2 и наметнува на државата обврска да ги преземе потребните мерки за заштита на животите на оние кои се во рамките на нејзината надлежност (L.C.B., претходно наведена § 36, и одлука Powell наведена погоре); во областа на јавното здравство, овие позитивни обврски вклучуваат воспоставување од страна на државата на регулатива која им наметнува на болниците, било да се приватни или јавни, да донесат соодветни мерки за заштита на животот на пациентите (Calvelli et Ciglio c. Italie [ГС], бр. 32967/96, § 49, ЕСЧП 2002‑I, одлука Glass претходно наведена, Vo c. France [ГС], бр. 53924/00, § 89, ЕСЧП 2004‑VIII и Centre de ressources juridiques au nom de Valentin Câmpeanu, претходно наведена, § 130).
126. Судот нагласува дека во овој случај тој не е повикан да одлучува за прашањето на евтаназија, туку за она на прекин на третмани кои вештачки одржуваат животот (видете став 109 погоре).
127. Судот потсети во пресудата Haas претходно наведена (§ 54) дека Конвенцијата треба да се чита како целина (видете mutatis mutandis Verein gegen Tierfabriken Schweiz (VgT) c. Suisse (бр. 2) [ГС], бр. 32772/02, § 83, ЕСЧП 2009). Во тој случај, Судот утврдил дека, во рамките на испитувањето на евентуална повреда на членот 8, било соодветно да се повика на членот 2 од Конвенцијата, (ibidem). Судот смета дека обратното е исто така точно: во случај како што е овој треба да се повика, во рамките на испитувањето на евентуална повреда на членот 2, на членот 8 од Конвенцијата, како и на правото на почитување на приватниот живот, како и на поимот на личната автономија што го вклучува. Судот навел во пресудата Pretty (§ 67)дека не може да го „исклучи дека тоа што со законот се спречува жалителката да го оствари својот избор да го избегне она што, според неа, ќе претставува недостоинствен и вознемирувачки крај на животот претставува повреда на правото на засегнатата на почитување на нејзиниот приватен живот според членот 8 § 1 од Конвенцијата“. Во пресудата Haas претходно цитирана(§ 51), тој потврдил дека правото на поединецот да одлучи како и кога треба да стави крај на својот живот бил еден од аспектите на правото на почитување на неговиот приватен живот.
Судот посебно упатува на ставовите 63 и 65 од пресудата Pretty, каде што се произнел на следниов начин:
„Во областа на медицинскиот третман, одбивањето да се даде согласност за одреден третман може, неизбежно, да доведе до фатален исход, но наметнувањето на медицински третман без согласност на пациентот доколку тој е возрасен и при здрав разум би претставувало повреда на физичкиот интегритет на засегнатиот која може да ги загрози правата заштитени со членот 8 § 1 од Конвенцијата. како што тоа е прифатено во домашната судска пракса, поединец може да се повика на правото да го оствари својот избор да умре одбивајќи да се согласи на третман кој би може да има ефект на продолжување на неговиот живот.“
„Достоинството и слободата на човекот се суштината на Конвенцијата. Без да го негира на било кој начин принципот на светоста на животот заштитен со Конвенцијата, Судот смета дека дека поимот на квалитетот на животот се здобива со целото свое значење во светлината на членот 8. Во време кога сме сведоци на се поголема медицинска софистицираност и на продолжување на животниот век, многу лица се плашат дека ќе бидат принудени да останат живи до многу напредната возраст или во состојба на сериозно физичко или ментално пропаѓање што би било спротивно од акутната перцепција што ја имаат за себеси и за својот личен идентитет. "
128. Судот ќе ги земе во предвид овие размислувања во испитувањето на почитувањето од страна на државата на своите позитивни обврски според членот 2. Тој, исто така, потсетува дека кога требало да одлучува за прашањето за администрирањето или прекинувањето на медицинските третман во случаите Glass и Burke претходно наведени , го зел во предвид следново:
- постоењето во домашниот закон и судска пракса на правна рамка во согласност со барањата од членот 2 (одлука Glass наведена погоре);
- земањето во предвид на претходно изразените желби на жалителот и на неговите блиски, како и на мислењето на други членови на медицински персонал (одлука Burkе наведена погоре);
- можноста за правен лек во случај на сомнеж во однос на тоа која е најдобрата одлука во интерес на пациентот (ibidem).
Судот ќе ги има овие елементи во предвид при разгледувањето на овој случај. Тој, исто така, ќе ги земе во предвид критериумите на „Водичот за процесот на одлучување во врска со медицинските третмани на крајот на животот" на Советот на Европа (ставови 56-64 погоре).
γ) За просторот за слободна проценка
129. Судот потсетува дека членот 2 е еден од основните членови на Конвенцијата, дека никакво отстапување врз основ на членот 15 тука не е дозволено во време на мир и дека тој строго ги толкува исклучоците што во него се дефинираат ( видете особено Giuliani et Gaggio c. o Italie [ГС], бр. 23458/02, §§ 174-177, ЕСЧП 2011 (извадоци)). Сепак, во контекстот на позитивните обврски на државата, кога тој бил повикан да одлучува за сложени научни, правни и етички прашања кои се однесувале особено на почетокот или на крајот на животот и во отсуство на консензус меѓу земјите-членки, Судот им признал на последниве одреден простор за слободна проценка.
Прво, Судот потсетува дека, кога ја испитал согласно членот 2 од Конвенцијата појдовната точка на правото на живот во случајот Vo претходно наведен (кој се однесувал на ослободување од обвинението за убиство без предумисла на лекарот одговорен за смртта in utero на детето на жалителката), тој заклучил дека ова прашање потпаѓа под просторот за слободна проценка што мора да им биде признаен на државите во оваа област. Тој водел сметка на непостоењето, како на заедничко решение помеѓу договорните држави, така и на европски консензус за научната и правната дефиниција на почетокот на животот (§ 82).
Таа го потврдил овој пристап, особено во случајот Evans c. Royaume‑Uni ([ГС] бр.6339/05, §§ 54-56, EСЧП 2007‑I, што се однесува до фактот дека домашното право го одобрува повлекувањето од страна на поранешниот партнер на жалителката на неговата согласност за чување и употреба на ембрионите што ги создале заедно) и во случајот A, B et C c. Irlande ([ГС] бр.25579/05, § 237, EСЧП 2010 година, во кој што жалителите во суштина ја оспорувале главно,, во светлината на членот 8 од Конвенцијата, забраната на абортусот во Ирска поради здравствени причини или благосостојба).
130. Во однос на прашањето за потпомогнато самоубиство, Судот истакнал, во контекст на членот 8 од Конвенцијата, дека немало консензус во рамките на земјите-членки на Советот на Европа во врска со правото на поединецот да одлучи како и кога да стави крај на својот живот, и заклучил дека просторот за слободна процена на државите во оваа област е „значителен“ (Haas, претходно наведен, § 55 и Koch, претходно наведен § 70).
131. Понатаму, Судот навел во принцип, во случајот Ciechońska c. Pologne (бр.19776/04, § 65, 14 јуни 2011 година), кој се однесувал на одговорноста на надлежните во случајната смрт на сопругот на жалителката, дека изборот од страна на државата на начините за исполнување на своите позитивни обврски според членот 2 претходно наведен спаѓа под нејзиниот простор за слободна проценка.
132. Судот констатира дека не постои консензус меѓу земјите-членки на Советот на Европа за да се дозволи прекин на третман кој вештачки одржува во живот, дури и ако се чини дека мнозинството држави го дозволуваат тоа. Иако модалитетите кои го врамуваат прекинот на третманот се менуваат од една држава во друга, сепак не постои консензус за клучната улога на волјата на пациентот во донесувањето на одлука, без разлика на начинот на нејзиното изразување (...)
133. Според тоа, Судот смета дека, во оваа област која се однесува на крајот на животот, како и во областа која се однесува на почетокот на животот, треба да се даде простор за слободна проценка на државите, не само во однос на можноста да се дозволи или не прекинот на третман кој вештачки одржува во живот и на нејзините модалитети на имплементација, туку, исто така, и на начинот да се одржи рамнотежа меѓу заштитата на правото на живот на пациентот и на правото на почитување на неговиот приватен живот и лична автономија (видете mutatis mutandis A, B et C, претходно наведен, § 237). Овој простор за слободна проценка, меѓутоа. не е неограничен (ibidem, § 238), Судот го задржува правото да го контролира почитувањето од страна на државата на своите обврски според членот 2.
ii) Примена во конкретниот случај
134. Жалителите го наведуваат недостатокот на јасност и прецизност на законот од 22 април 2005 година и го оспоруваат процесот кој довел до одлуката на лекарот од 11 јануари 2014 година. Во нивните очи, овие недостатоци произлегле од непочитувањето од страна на националните власти на обврските за заштита кои им се наметнати со членот 2 од Конвенцијата.
α) Законската рамка
135. Жалителите се жалат на недостатокот на прецизност и јасност на законот, за кој сметаат дека не се однесува на случајот на Винсен Ламбер, кој не е ниту болен ниту на крајот на животот. Тие, исто така, сметаат дека поимите на неразумна упорност и на третман кој може да се сопре не се дефинирани во законот со доволна прецизност.
136. Судот упатува на правната рамка трасирана со Законикот за јавно здравје (подоле законикот), онака како што е изменет со Законот од 22 април 2005 година (видете ставови 52‑54 погоре). Тој, исто така потсетува дека толкувањето е инхерентно на вршењето на судската функција (видете, меѓу другите Nejdet Şahin et Perihan Şahin c.. Turquie [ГС], бр. 13279/05, § 85, 20 октомври 2011). Тој истакнува дека пред одлуките донесени во конкретниот случај, француските судови не биле никогаш повикани да ги толкуваат одредбите од Законот од 22 април 2005 година, кој меѓутоа бил во сила веќе девет години. Во овој случај, Државниот совет бил наведен да го појасни опфатот на законот, како и да ги дефинира поимите „третмани“ и „неразумна упорност“ (видете подолу).
- Опфатот на законот
137. Во својата одлука од 14 февруари 2014 година, Државниот совет се произнел за опфатот на законот: тој оценил дека произлегувало од самите услови на применливите членови, како и од работата на парламентот која му претходела на донесувањето на законот, дека овие одредби биле од општ дострел и дека тие се применувале за сите корисници на здравствениот систем, било пациентот да е или не на крајот на животот (став 33 погоре).
138. Судот забележува дека, во своите забелешки до Државниот совет, г-дин Жан Леонети, известител за законот од 22 април 2005 г., појаснил во својство на amicus curiae дека законот се применувал на пациенти со цереброваскуларни оштетувања, кои оттука страдале од сериозна и неизлечива болест во напредната фаза на болеста, но кои не се нужно „на крајот на животот“, што го навело законодавниот дом да го наслови законот „правата на пациентите и крајот на животот“, а не „правата на пациентите на крајот на животот“ (видете ги, во таа смисла, во став 44 погоре забелешките на Националната академија за медицина).
- Поимот на третмани
139. Државниот совет, во својата одлука од 14 февруари 2014 г., го протолкувал поимот на третмани кои можат да се запрат или да се ограничат. Тој оценил, согласно одредбите од членовите од L. 1110‑5 и 1111‑4 наведени погоре и на парламентарните процедури, дека законодавецот имал намера да ги вклучи во наведените третмани сите дејствија кои се стремат да го осигураат вештачкото одржување на виталните функции на пациентот и дека вештачката исхрана и хидратација биле дел од тие дејствија. Забелешките доставени до Државниот совет во својство на amicus curiae се согласуваат по оваа точка.
140. Судот забележува дека „Водичот за процесот на одлучување во врска со медицинските третмани на крајот на животот“ на Советот на Европа им пристапува на овие проблеми: водичот наведува дека третманите ги вклучуваат не само интервенциите за подобрување на здравствената состојба на пациент делувајќи врз причините на болеста, туку исто така и оние кои не делуваат на етиологијата на болеста, туку на симптомите, или кои одговараат на функционално оштетување. Водичот забележува дека вештачката исхрана и хидратација му се даваат на пациентот како одговор на медицинска индикации и го претполагаат изборот на медицинска постапка и инструмент (перфузија, ентерална сонда). Водичот забележува дека постојат разлики во приодот меѓу земјите: некои ги гледаат како третмани кои можат да се ограничи или запрат во условите и согласно гаранциите обезбедени со домашното законодавство; прашањата кои тогаш се поставуваат во однос на истите се оние на желбите на пациентот и на соодветноста на третманот во одредена ситуација. Во други земји, тие се сметаат за нега која ги задоволува основните потреби на лицето и која не може да се прекине, освен ако пациентот, во терминална фаза одсвојот живот, изразил таква желба (став 57 погоре).
- Концептот на неразумна упорност
141. Според членот L. 1110‑5 од Законикот, третман претставува неразумна упорност кога кога е бескорисен, непропорционален или кога „нема друг ефект освен единствено вештачкото одржување во живот“ (видете став 53 погоре). Овој последен критериум бил применет во конкретниот случај и него жалителите го сметаат за нејасен.
142. Во своите забелешки до Државниот совет како amicus curiae, г-дин Леонети појаснил дека оваа формулација, постриктна од првично предвидената на третман „кој вештачки го продолжува животот“ била порестриктивна и се однесувала на вештачкото одржување во живот „во чисто биолошка смисла, со двојното својство што се работи за еден пациент со масивно и неповратно оштетување на мозокот и што неговата состојба веќе не остава можност за самосвест и врски со околината“ (став 44 погоре). Во оваа смисла, Националниот совет на лекарскиот сојуз ја истакнал важноста на концептот на временоста, нагласувајќи дека кога се работи за хронична патолошка состојба, што повлекува физиолошка деградација на пациентот и губење на неговите когнитивни и релациони способности, упорноста може да се смета за неразумна штом нема никакви знаци на подобрување (ibidem.)
143. Во својата одлука од 24 јуни 2014 година, Државниот совет детално ги навел елементите кои треба да бидат земени во предвид од страна на лекарот за да се утврди дали условите за неразумна упорност се исполнети, истовремено наведувајќи дека на секоја ситуација треба да и се пристапи во нејзината специфичност: медицинските елементи (за кои е наведено дека мора да покриваат доволно долг период, да се анализираат колективно и да се однесуваат особено на состојбата на пациентот, на еволуцијата на неговата состојба, на неговото страдање и клиничка прогноза) и немедицинските елементи, односно волјата на пациентот, без оглед на начинот на нејзино изразување, на која лекарот мора да „и даде посебно значење“, според мислењето на лицето од доверба, семејството или на блиските.
144. Судот забележува дека Државниот совет навел две важни заштитни мерки во оваа одлука: најпрво тој тврдел дека „самото тоа што едно лице се наоѓа во неповратно несвесна состојба или, a fortiori, во состојба на загуба на автономија што го прави зависно од таков режим на исхрана и хидратација, не може, само по себе, да се оквалификува како ситуација во која продолжувањето на овој третман се чини неоправдана врз основ на одбивањето на неразумната упорност.“ Покрај тоа, тој истакнал дека ако волјата на пациентот не е позната, не може да се претпостави дека таа се состои од одбивањето да биде одржуван во живот (став 48 погоре) .
145. Врз основ на оваа анализа, Судот не може да се приклони кон аргументите на жалителите. Тој смета дека одредбите од Законот од 22 април 2005 година, онака како што се толкувани од страна на Државниот совет, претставуваат доволно јасна законска рамка за целите на членот 2 од Конвенцијата, за да ја врамат на прецизен начин одлуката на лекарот во ситуација како што е онаа во конкретниот случај. Според тоа, Судот заклучува дека државата воспоставила регулаторна рамка за да ја обезбеди заштитата на животите на пациентите (видете став 125 погоре).
β) Процесот на одлучување
146. Жалителите го оспоруваат процесот на одлучување, за кој сметаат дека требало да биде вистински колективен или во најмала рака да обезбеди посредување во случај на несогласување.
147. Судот забележува, прво, дека дека ниту членот 2, ниту неговата судска пракса не можат да се читаат како да наметнуваат обврски што се однесува на постапката која треба да се следи за да се дојде до евентуален договор. Таа потсетува дека, во случајот Burke наведен погоре, тој ја оценил како соодветна со членот 2 постапката која се состоела во утврдување на желбите на пациентот и консултирање на роднините, како и на други членови од медицински персонал (став 128 погоре).
148. Судот забележува дека, иако постапката, според француското право, се нарекува „колективна“ и вклучува неколку фази на консултација (на негувателската екипа, на најмалку уште еден лекар, на лицето од доверба, на семејството или на блиските), одлуката му припаѓа само на лекарот задолжен за пациентот. Желбите на пациентот треба да бидат земени во предвид. Самата одлука мора да биде поткрепена и се става во досието на пациентот.
149. Во своите коментари како amicus curiae г-дин Жан Леонети потсети дека со законот одговорноста за одлуката да се прекине терапијата ја сноси само лекарот и не сакал да ја префрли оваа одговорност на семејството, за да се избегне секое чувство на вина и за лицето кое ја донело одлука да биде идентификувано.
150. Од елементите на компаративно право со кои располага Судот произлегува дека, во државите кои дозволуваат прекин на третманите и во отсуство на однапред изготвени упатства од страна на пациентот, постојат најразлични модалитети за тоа како се донесува конечната одлука за прекин на третманите: таа може да биде донесена од страна на лекарот (најчест случај), да биде донесена заеднички од страна на лекарот и од семејството, од страна на семејството или законскиот застапник, или од страна на судовите (. ..)
151. Судот забележува дека колективната постапка во конкретниот случај траела од септември 2013 до јануари 2014 година и дека, во сите фази, нејзиното спроведување ги надминало дури барањата на законот: додека постапката предвидува консултации со уште еден лекар и, евентуално, со втор, д-р. Кариже консултирал шест лекари, од кои еден назначен од страна на жалителите; ја собрал скоро целата негувателска екипа и свикал две советувања со семејството на кои присуствувле сопругата, родителите и осумте браќа и сестри на Винсен Ламбер. По овие состаноци, сопругата на Винсен Ламбер и шест од неговите браќа и сестри се изјасниле во полза на прекин на терапијата, како и петорица од шестте консултирани лекари, додека жалителите се изјасниле против. Лекарот, исто така, разговарал со Франсоа Ламбер, внукот на Винсен Ламбер. Неговата одлука, долга тринаесет страници (од која скратена верзија од седум страници била прочитана на семејството) е детално образложена. Државниот совет заклучил, во својата одлука од 24 јуни 2014 година, дека немало никаква нерегуларност во одлуката (видете став 50 погоре).
152. Државниот совет оценил дека лекарот ја исполнил обврската да се консултира со семејството и тој можел законски да ја донесе својата одлука и покрај непостоењето на едногласно мислење кај членовите на истото. Судот забележува дека во сегашната состојба, францускиот закон предвидува консултација со семејството (а не негово учество во донесувањето одлуки), но не организира посредување во случај на несогласување меѓу членовите на семејството. Тој не го одредува ниту редоследот по кој треба да се земат во предвид мислењата на членовите на семејството, спротивно на она што е предвидено во некои други држави.
153. Судот укажува на недостатокот од консензус за ова прашање (видете став 150 погоре) и смета дека организацијата на процесот на донесување одлуки, вклучувајќи го назначувањето на лицето кое ја донесува конечната одлука да се запре третманот и модалитетите на донесување на одлуки, спаѓаат во рамките на просторот за слободна проценка на државата. Тој констатира дека постапката била водена во случајов на долг и прецизен начин, надминувајќи ги дури барањата предвидени во законот, и цени дека, и покрај тоа што жалителите не се согласуваат со нејзиниот заклучок, оваа постапка ги испочитувала условите од членот 2 од Конвенцијата (видете став 128 погоре).
γ) Правните лекови
154. На крајот, Судот ќе ги разгледа правните лекови со кои располагале жалителите во овој случај. Тој забележува дека Државниот совет, кој за прв пат бил повикан да одлучува по жалба против одлуката да се прекине третманот согласно законот од 22 април 2005 година, придонел со важни појаснувања во своите одлуки од 14 февруари и 24. Јуни 2014 г. во однос на степенот на контролата што ја врши управниот судија задолжен за решавање на итни жалби во случај како овој.
155. Жалителите поднеле до Управниот суд итна жалба за заштита на основна слобода врз основа на членот 521 L.‑2 од Законикот за управно судство во кој се наведува дека судијата „повикан да одлучува за барање од ваков вид оправдано со особена итност, може да нареди која и да е мерка неопходна за да се заштити основна слобода која била сериозно и очигледно незаконски повредена од страна на административен орган “. Кога одлучува врз оваа основа, управниот судија за ини жалби во принцип одлучува сам, итно, и може да преземе времени мерки врз основ на критериумот на очигледност (очигледна незаконитост ).
156. Судот забележува дека, како што била дефинирана од страна на Државниот совет (став 32 погоре), улогата на судијата за итни жалби го вклучува не само овластувањето да ја суспендира одлуката на лекарот, туку, исто така, да спроведе целосна ревизија на законитоста на оваа одлука (а не само да го примени критериумот на очигледната незаконитост) ако е потребно во колективен судски состав, и по потреба, откако нарачал лекарска експертиза и побарал мислења од лица во својство на amicus curiae.
157. Државниот совет, исто така, појаснил, во својата одлука од 24 јуни 2014 година, дека со оглед на специфичната улога на судијата во ваков случај, тој морал, освен наводите за неусогласеноста на одлуката со законот, да ги испита наводите за неусогласеноста на применетите законски одредби со Конвенцијата.
158. Судот забележува дека Државниот совет го разгледал случајот во својот пленарен состав (собранието за судски спорови, составен од седумнаесет членови), што е многу необично за постапка врз основ на итна жалба. Во својата одлука од 14 февруари 2014 година, тоj навел дека контролната евалуација направена во болничкиот центaр во Лиеж била стара веќе две и пол години и оценил дека е неопходно да располага со најкомплетни информации за здравствената состојба на Винсен Ламбер. Поради тоа, тој наредил да се направи медицинкса експертиза што била доверена на тројца признати специјалисти од областа на неврологијата. Oсвен тоа, со оглед на големината и тежината на прашањата покренати од страна на случајот, тој побарал од Националната академија за медицина, Националниот консултативен комитет за етика, на Националниот совет на лекарскиот сојуз и на г-дин Жан Леонети да достават во својство на amicus curiae општи коментари кои ќе му овозможат подбро разбирање, особено за поимите на неразумна упорност и вештачко одржување во живот.
159. Судот констатира дека експертизата била спроведена во длабочина: експертитете го прегледале Винсен Ламбер девет пати, спровеле серија на испитувања, ја прочитале целосната медицинска евиденција, ги консултирале сите елементи од спорното досие корисни за експертизата и се состанале во периодот меѓу 24 март и 23 април 2014 година со сите засегнати страни (семејството, медицинската и негувателската екипа, лекари советници и претставници на UNAFTC и на болничкиот центар).
160. Во својата одлука од 24 јуни 2014 година, Државниот совет најпрво ја испитал компатибилноста на релевантните одредби од Законикот за јавно здравје со членовите 2, 8, 6 и 7 од Конвенцијата (видете став 47 погоре) и потоа конформноста на одлуката на д-р. Кариже со одредбите од Законот (видете ставови 47‑50 погоре). Неговата контрола се однесувала на регуларноста на колективната постапка и на почитувањето на суштинските барања предвидени со законот, за кои оценил, особено во контекст на заклучоците на експертскиот извештај, дека тие биле задоволени. Тој особено истакнал дека од заклучоците на експертите произлегувало дека клиничката состојба на Винсен Ламбер кореспондирала на хронична вегетативна состојба, дека тој се здобил со тешки и широко распространети оштетувања, чија сериозност, како и времето од пет и пол години кое поминало од несреќата, укажувале на тоа дека тие биле неповратни, со „лоша клиничка прогноза“. Државниот совет оценил дека овие наоди ги потврдувале оние на д-р. Кариже.
161.Судот забележува понатаму дека Државниот совет, откако го истакнал „посебното значење“ што лекарот треба да го даде на желбите на пациентот (став 48 погоре), се обидел да утврди кои биле желбите на Винсен Ламбер. Со оглед на тоа што последниов немал однапред изготвени упатства ниту назначил лице од доверба, Државниот совет водел сметка за сведочењето на неговата сопруга, Рашел Ламбер. Тој истакнал дека таа и нејзиниот сопруг, обајцата болничари со конкретно искуство со пациенти на реанимација или со полихендикепирани пациенти, често ги споменувале своите професионални искуства и дека, во овие прилики, Винсен Ламбер во неколку наврати ја изразил желбата да не биде вештачки одржуван во живот во состојба на голема зависност (видете став 50 погоре). Државниот совет сметал дека овие изјави ‑ чија содржина била потврдена од страна на еден брат на Винсен Ламбер ‑ биле со датум и прецизно пренесени од Рашел Ламбер. Тој, исто така, го земал во предвид тоа дека неколку други браќа и сестри посочиле дека овие изјави биле во согласност со личноста, историјата и ставовите на нивниот брат и истакнал дека жалителите не тврделе дека тој го зборувал спротивното. Државниот совет, конечно, истакнал дека консултирањето на семејството предвидено со закон било исполнето (ibidem).
162. Жалителите тврдат, потпирајќи се на членот 8 од Конвенцијата, дека Државниот совет не требало да води сметка за усни забелешки на Винсен Ламбер, кои ги сметаат за премногу општи.
163. Судот потсетува, најпрво, дека пациентот, дури и неспособен да ја изрази својата волја, е оној чија согласност мора да остане во центарот на процесот на донесување одлуки, и кој е негов субјект и клучен актер. „Водичот за процесот на одлучување во ситуации на крајот на животот“ на Советот на Европа препорачува тој да да биде интегриран во процесот на донесување одлуки преку желбите кои можеби претходно ги изразил, за кои желби водичот предвидува дека можеле да биле доверени усно на член на семејството или близок (став 59 погоре).
164. Судот, исто така, забележува дека според елементите на компартаивно право со кои располага, во одреден број на земји, во отсуство на однапред изготвени упатства или на „животен тестамент“, претпоставената волја на пациентот треба да се утврди според различни модалитети (изјави на правниот застапник, на семејството, други елементи кои сведочат за личноста на пациентот. убедувањата на пациентот итн).
165. На крајот, Судот потсетува дека, во пресудата Pretty (цитирана погоре, § 63), тој го потврдил правото на секое лице да одбие да се согласи на третман кој може да има ефект да го продолжи неговиот живот. Под овие услови, Судот смета дека Државниот совет имал право да смета дека поднесените сведошта биле доволно прецизни за да се утврди какви биле желбите на Винсен Ламбер во однос на прекинот или на продолжувањето на неговиот третман.
δ) Завршни согледувања
166. Судот е целосно свесен за важноста на импликациите кои произлегуваат од овој случај, кој се осврнува на медицински, правни и етички прашања со најголема комплексност. Во околностите на овој случај, Судот потсетува дека, пред се, домашните органи се оние кои се должни да ја проверат усогласеноста на одлуката да се прекине третманот со домашното право и Конвенцијата, како и да ги утврдат желбите на пациентот во согласност со националното законодавство. Улогата на Судот се состои во тоа да се испита почитувањето од страна на државата на своите позитивни обврски според членот 2 од Конвенцијата.
Според овој пристап, Судот оценил дека законодавната рамка предвидена со националниот закон, онака како што е толкувана од страна на Државниот совет, е во согласност со барањата од овој член, како и процесот на донесување одлуки, спроведен во овој случај на прецизен начин. Исто така, што се однесува на правните лекови на располагање на жалителите, Судот заклучил дека конкретниот случај бил предмет на темелна ревизија во која сите гледишта можеле да бидат изразени и сите аспекти биле внимателно одмерени, земајќи ја во предвид како деталната медицинска експертиза така и општите согледувања од највисоките медицински и етички тела.
Според тоа, Судот заклучува дека домашните органи ги испочитувале своите позитивни обврски согласно членот 2 од Конвенцијата, со оглед на просторот за слободна проценка со кој располагале во овој случај.
ε) Заклучок
167. Следува дека нема да има повреда на членот 2 од Конвенцијата во случај на спроведување на одлуката на Државниот совет од 24 јуни 2014 година .
(...)
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Ја прогласи, едногласно, жалбата за допуштена што се однесува до жалбениот навод на жалителите согласно членот 2 во нивно сопствено име;
2. Ја прогласи, со дванаесет гласови против еден, жалбата за недопуштена за остатокот ;
3. Го отфрли, едногласно, барањето на Рашел Ламбер со цел да го застапува Винсен Ламбер како трета страна вмешувач ;
4. Одлучи, со дванаесет гласови против пет, дека нема да има повреда на членот 2 од Конвенцијата во случај на спроведување на одлуката на Државниот совет од 24 јуни 2014 г. ;
(...)
Изготвено на англиски и француски јазик, и прочитано на јавна расправа во Палатата на човекови права, во Стразбур, согласно членот 77 §§ 2 и 3 од деловникот .
Ерик Фриберг Дин Шпилман
Секретар на судотПретседател
Кон оваа пресуда прикачено е, согласно членовите 45 § 2 од Конвенцијата и 74 § 2 од деловникот, експозето на издвоеното мислење на судиите Хајијев, Шикута, Цоцориа, Де Гаетано и Гритко.
Д.С.
E.Ф.
Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe ()). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
[1] Ce paragraphe a été rectifié conformément à l’article 81 du règlement de la Cour.
[2] Ce paragraphe a été rectifié conformément à l’article 81 du règlement de la Cour.
Full & Egal Universal Law Academy