© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПЕТТА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА ЛАВРЕХОВ против РЕПУБЛИКА ЧЕШКА
(Жалба бр. 57404/08)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
20 јуни 2013 год.
Оваа пресуда ќе стане правосилна во околностите утврдени во членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија.
Во случајот на Лаврехов против Република Чешка,
Европскиот суд за човекови права (Петтата секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:
Марк Вилигер (Mark Villiger), претседател,
Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič),
Гана Јудкивска (Ganna Yudkivska),
Андре Потоцки (André Potocki),
Пол Леменс (Paul Lemmens),
Алеш Пејчал (Aleš Pejchal), судии,
и Клаудија Вестердајк (Claudia Westerdiek), секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 21 мај 2013 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 57404/08) против Република Чешка поднесена до Судот според член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на рускиот државјанин, г-динот Евгениј Леврехов („жалителот“) на 18 ноември 2008 година.
2. Жалителот беше застапуван од г-динот Р. Розманек, адвокат со пракса во Оломоуц. Чешката Влада („Владата“) беше застапувана од нивниот агент г-динот Вит А. Шорм од Министерството за правда.
3. Жалителот тврдеше, конкретно дека неговото право на сопственост му било повредено со тоа што му била задржана кауцијата.
4. На 27 март 2012 г. Владата беше информирана за жалбата. Руската Влада беше повикана да се изјасни дали сакала да поднесе писмени коментари за случајот (член 36 од Деловникот на Судот). Тие не ја искористија таа можност.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителот е роден во 1952 година и живее во Удомлја, Русија.
6. Тој бил претставник на една руска компанија, Т., која купила акции во една чешка компанија, С. Жалителот бил член на Одборот на директори на компанијата С. од 8 август 1995 г. и нејзин претседател од 27 февруари 1996 г. Меѓутоа тој не можел да ги врши своите овластувања меѓу 24 септември и 3 декември 1996 г., кога тој незаконски бил отпуштен од Одборот на директори од страна на неговите чешки членови. Компанијата С. подоцна отишла под стечај.
7. На 11 јуни 2001 г. жалителот бил обвинет за шпекулирање и измама, имено за склучување на договори кои биле штетни за компанијата С., и дека предизвикал парична штета од 88.000.000 чешки круни (CZK) (3.520.000 евра (EUR)). На 20 јуни 2001 г. тој бил притворен.
8. На 8 јануари 2002 г. жалителот побарал да биде ослободен со кауција и понудил да плати осигурување од 4.000.000 круни (160.000 евра). Барањето содржело изјава дека бил свесен за содржините на членот 73 § 3 од Законот за кривична постапка кој ги утврдува условите согласно кои кауцијата може да биде задржана. На 17 јануари 2002 г. Регионалниот суд на Острава одлучил дека жалителот можел да биде ослободен откако ќе плател кауција од 10.000.000 круни (400.000 евра). Тој го оправдал износот на кауцијата со сериозноста на делата за кои бил осомничен и важноста на причините за неговото првично притворање, особено високиот ризик од бегство.
9. На 31 јануари 2002 г. жалителот го овластил својот адвокат да ја плати кауцијата во износот одреден од судот. Тој исто така се обврзал да остане на адреса во Чешка, да се појавува на судските рочишта за неговиот случај и изјавил дека тој бил свесен дека кауцијата можела да биде задржана доколку не се придржувал до ова. На 22 февруари 2002 г. тој бил ослободен со кауција. Како услов за ослободувањето на жалителот му било наредено да остане на адреса во Република Чешка и да ја прима поштата таму.
10. На 7 јуни 2002 г. Регионалниот суд му дозволил на жалителот да ја напушти Чешка и да замине во Русија до 18 јуни 2002, под услов да присуствува на првото рочиште закажано за 19 и 21 јуни 2002 г. Ова било четврт пат да му се дозволи такво барање на жалителот. Жалителот претходно трипати отпатувал во Русија во периодот меѓу февруари и јуни 2002 г. и секој пат се враќал.
11. На 17 јуни 2002 г. жалителот го информирал својот адвокат дека на 14 јуни 2002 г. пасошот, со виза за влез на Република Чешка му бил украден во Москва и дека поднел барање за нов пасош. Како резултат судското рочиште било одложено за 7 и 9 август 2002 г.
12. Судските покани за новото рочиште му биле испратени на неговата адреса во Република Чешка но се вратиле недоставени. Регионалниот суд исто така се обидел да му ги врачи поканите на жалителот преку неговиот адвокат.
13. На 8 јули 2002 г. адвокатот испратил одредени документи до Регионалниот суд, вклучително потврда од руските власти дека официјалната пријавена адреса на жалителот во Русија му била во Удомлја.
14. На 30 јули 2002 г. адвокатот го информирал Регионалниот суд дека немал детали за директен контакт со жалителот во Русија и дека тој ги испратил судските покани за рочиштето на адресата што му била дадена од еден од сообвинетите на жалителот.
15. Со оглед дека жалителот и понатаму немал добиено нов пасош и се спротивставувал да има судска расправа во негово отсуство рочиштето закажано за 7 и 9 август 2002 г. било откажано.
16. На 12 март 2003 г. Регионалниот суд, откако не добил никаква информација од жалителот, поднел барање за информации до Интерпол и до трговскиот претставник на Руската Федерација во Чешка за тоа дали жалителот поднел барање за нов пасош.
17. Странките во случајот не можат да се согласат околу датумот на кој жалителот го примил новиот пасош од руските власти. Владата тврдеше дека тоа било на 28 февруари 2003 г., но според жалителот тоа се случило дури на 2 април 2003 г. Жалителот не го информирал Регионалниот суд дека добил нов пасош.
18. Регионалниот суд закажал друго рочиште за 6 до 8 септември 2004 г. и на 22 март 2004 г. му испратил судска покана на жалителот преку Министерството за правда на адреса во градот Подолск во Русија, која била регистрирана во досието на жалителот како негово живеалиште во Русија. Тој исто така го предупредил жалителот дека фактот дека тој не поднел барање за чешка виза, останал во Русија и не бил во контакт со судот не бил во согласност со условите на кауцијата, дека истото можело да биде квалификувано како избегнување на кривичната постапка и дека можело да доведе до запленување на депонираната кауција. Жалителот исто така бил посоветуван за можноста дека кривичните постапки против него да бидат спроведени и во негово отсуство.
19. Руското Министерство за правда ги информирало чешките власти дека жалителот не бил пријавен и не живеел на адресата на Подолск и дека неговото актуелно место на престој не било утврдено. Оттука не било можно да се достават судските покани за рочиштето.
20. Сепак, жалителот дознал за закажаното рочиште и успеал да добие краткорочна виза што му овозможила да ја посети Република Чешка меѓу 2 и 12 септември 2004 г.
21. Меѓутоа на 2 септември 2004 г. жалителот испратил факс до Регионалниот суд со барање за одлагање на расправата, упатувајќи на неназначени здравствени проблеми и изнесувајќи дека сега тој имал нови адвокати на кои им требало време да го проучат случајот. Тој не ја посочил својата адреса во Русија. Последователно, Регионалниот суд повторно морал да го одложи судењето.
22. На 28 февруари 2005 г. Регионалниот суд побарал од Министерството на правда да побара од руските власти да ги достават судските покани до жалителот за рочиштето закажано за 21 и 23 ноември 2005 г., на адресата во Подолск, или на адресата во Удомлја. Судската покана за судењето сепак му била врачена на жалителот на 16 јануари 2006 г. во Удомлја. На 21 ноември 2005 г. Регионалниот суд повторно ја одложил расправата.
23. На 6 декември 2005 г. Регионалниот суд одлучил да ги спроведе кривичните постапки против жалителот во отсуство. Тој изјавил дека жалителот ги избегнувал кривичните постапки со тоа што се наоѓал надвор од земјата, се немал вратено во Чешка од јуни 2002 г., и создал сериозни проблеми во спроведувањето на судењето со тоа што седел во Русија. Судот исто така одлучил дека изговорот на жалителот за своето непојавување на расправата на 2 септември 2004 г., имено заради здравствени проблеми, било апсолутно неприфатливо. Понатаму забележал дека жалителот не ги почитувал условите на кои се согласил, имено дека тој ќе се појавувал на рочиштата и дека ќе останел да живее на адресата во Република Чешка.
24. Од 27 до 29 март, од 5 до 7 јуни, на 11 септември и на 23 октомври 2006 г. се одржале рочишта пред Регионалниот суд за постапките против жалителот, но во негово отсуство.
25. На 23 октомври 2006 г. Регионалниот суд целосно го ослободил жалителот, одлучувајќи дека не сторил никакво кривично дела, туку дека вршел стандардни и транспарентни деловни активности.
26. На 28 јуни 2007 г. Вишиот суд на Оломоуц ја потврдил оваа пресуда.
27. На 1 ноември 2007 г. Регионалниот суд на барање на жалителот одлучил дека кауцијата требала да му биде вратена на жалителот, бидејќи не бил навреме информиран за последиците доколку не се придржувал на условите на кауцијата. Исто така ниедна од ситуациите предвидени од член 73a § 4 од Законот за кривична постапка за губење на кауцијата не можела да биде применета.
28. На 5 декември 2007 г. Вишиот суд ја укинал таа одлука и одлучил кауцијата да биде задржана. Тој одлучил дека жалителот морал да знае за можноста за губење на кауцијата иако тој не бил формално информиран за тоа бидејќи неговите барања за ослободување со кауција содржеле изјави дека бил свесен за задржувањето доколку ги прекршил условите од кауцијата. Исто така одлучил дека било вистина дека веќе некое време жалителот не можел да дојде во Чешка затоа што го изгубил пасошот, а на чешките власти им требало време да му издадат нова виза. Меѓутоа, жалителот не успеал да ја подигне поштата од адресата во Подолск, која била една од адресите што им ја дал на обвинителството и со тоа и писмата од судот не можеле да му бидат доставени. Исто така било јасно од однесувањето на жалителот дека ја избегнувал кривичната судска постапка со тоа што и понатаму не се враќал во земјата. Ниту пак бил во контакт со Регионалниот суд иако знаел за постапката. Со тоа условите за задржување на кауцијата согласно членот 73a § 4 од Законот за кривична постапка биле исполнети, и особено со оглед дека жалителот се криел, не ги известил релевантните власти за неговото место на живеење тој оневозможил да му се достави официјално писмо.
29. Жалителот поднел уставна жалба против одлуката, тврдејќи дека било неправедно што толку висока кауција била задржана иако не сторил никакво кривично дело. Тој исто така ги оспорил и наодите на Вишиот суд.
30. На 3 јуни 2008 г. Уставниот суд ја отфрлил жалбата како евидентно неоснована.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
31. Членот 73a §§ 1 и 2 од Законот за кривична постапка уредувал дека лицата во притвор можеле да бидат ослободени со кауција во минимален износ од 10.000 чешки круни, а точниот износ го одредувал судот во зависност од конкретните околности на обвинетиот и случајот.
32. Согласно § 4 (§ 3 во релевантното време) од таа одредба кауцијата, меѓу другото, ќе била задржана ако обвинетиот избегал, станел недостапен или не ги информирал релевантните власти за промената на неговото место на живеење и со тоа ја спречел доставата на официјално писмо. Согласно § 9 (§ 6 во релевантното време) обвинетиот морал да биде информиран однапред за условите согласно кои можело да му се задржи кауцијата.
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 1 ОД ПРОТОКОЛОТ БР. 1
33. Жалителот се жалел дека задржаната кауција по неговото ослободување значела повреда на членот 1 од Протоколот бр. 1 кој вели:
„Секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Никој не може да биде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право
Претходните одредби не навлегуваат во правото на државите да донесуваат закони кои ги сметаат за неопходни за регулирање на користењето на имотот согласно општиот интерес или заради сигурно плаќање на данокот, другите придонеси или парични казни.“
А. Допуштеност
34. Судот забележува дека оваа жалба не е евидентно неоснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 (а) од Конвенцијата. Тој понатаму забележува дека не е недопуштена по ниеден друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена.
Б. Основаност
1. Изјаснувања на странките
35. Жалителот прво тврдеше дека задржувањето на кауцијата било незаконско бидејќи тој не бил соодветно упатен за можноста истата да биде задржана. Тој тврдеше дека не се криел и дека не било негова вина што Регионалниот суд не ги доставувал писмата на точната адреса во Русија, која била во Удомлја. Постоеле објективни причини за неговото непојавување на судењето, вклучително и губењето на пасошот, тоа што не му била издадена виза и болест.
36. Жалителот понатаму тврдеше дека одлуката на Вишиот суд за задржување на кауцијата од толкав голем износ било несразмерно. Генерално, целта на кауцијата била да се спречи сторителот да ја избегне казната и да бидат сигурен дека целта на кривичните постапки ќе се постигне. Според него кривичната постапка била спроведена правилно без разлика на неговото отсуство и нивната цел била остварена. Оттука задржувањето на кауцијата било несоодветно задирање во неговиот имот, дури и под претпоставка дека ги прекршил условите на кауцијата.
37. Конечно жалителот изјави дека задржувањето на кауцијата кога едно лице е ослободени и со тоа невино било неправично и спротивно на здравиот разум.
38. Владата, од своја страна ја сметаше жалбата за евидентно неоснована. Тие тврдеа дека ова мешање требало да се разгледа во контекст на вториот став од членот 1 од Протоколот бр. 1 кој се занимава со контролата на употребата на имотот. Тие понатаму тврдеа дека задржувањето било законско, како што било одлучено од домашните судови.
39. Тие забележаа дека Регионалниот суд вложувал големи напори речиси четири години да го покани жалителот на рочиште. Во текот на целото ова време жалителот доставил низа документи до судот но ниеден од нив не содржел информации за промена на адресата на која требало да се испратат судските документи. Иако отсуството на жалителот од првото рочиште на 19 јуни 2002 г. било соодветно одобрено, неговиот последователен однос кон кривичните постапки јасно покажал намера да ги избегнува со тоа што не се враќал назад во земјата, во што навистина бил успешен, со оглед дека Регионалниот суд бил обврзан да му суди во отсуство. Жалителот имал можност од неколку години да стапи директно во контакт со Регионалниот суд, да го информира за својата адреса во Русија за потребите на процесот и да сугерира датум на кој ќе можел да допатува во Република Чешка за да присуствува на судското рочиште, но не го сторил тоа.
40. Владата понатаму тврдеше дека немало директна врска меѓу задржувањето на кауцијата и ослободувањето. Целта на кауцијата била да го замени притворот и истовремено да го обесхрабри лицето на кое му се суди да ја попречи или избегне судската постапка. Доколку обвинетиот не се придржувал на условите на кауцијата, логичната последица од таквото однесување била да се задржи кауцијата и затоа било законско лишувањето од имот во овој контекст. Фактот дека обвинетото лице подоцна било ослободено на никаков начин не влијаело на законитоста на притворот. Целта на кауцијата и целта на казната биле сосема различни. Доколку условите предвидени со закон биле исполнети кауцијата ќе била вратена. Кауцијата не била казна за стореното дело, туку била форма на гаранција.
41. Износот на кауцијата одговарал на имотната состојба на жалителот, што било јасно од фактот дека тој можел да плати. Кауцијата како средство за гарантирање на соработката на лицето со судските власти намерно била поставена на ниво на кое ако се изгуби истата тоа ќе претставувало битно пореметување на имотната состојба на лицето кое ја оставило кауцијата. Во спротивно немала да ја исполни својата цел.
42. Конечно Владата забележала дека жалителот не посочил во што точно се состоел претераниот финансиски товар врз него што ќе произлезел од задржувањето на кауцијата. Тој на никаков начин не ги документирал причините зошто ќе се нашол во лоша финансиска состојба како резултат на задржувањето на кауцијата.
2. Оценка на Судот
43. Судот најпрво сметаше дека задржувањето на кауцијата претставувало повреда на имотните права на жалителот од страна на државата. Судот не смета дека е неопходно да се одлучи дали повредата треба да се разгледа согласно вториот став од членот 1 од Протоколот бр. 1, како што тврдеше Владата, бидејќи во секој случај трите правила на членот 1 од Протоколот бр. 1 се поврзани, а важечките начела се слични (види James and Others v. the United Kingdom, 21 February 1986, § 37, Series A no. 98). Затоа ќе ја разгледа ситуацијата на која се однесува жалбата во контекст на општото правило утврдено во првата реченица од првиот став од членот 1 од Протоколот бр.1 (види, mutatis mutandis, Broniowski v. Poland [GC], no. 31443/96, § 136, ECHR 2004‑V и Gladysheva v. Russia, no. 7097/10, § 71, 6 December 2011).
44. Судот повторува дека за нарушувањето да биде компатибилно со одредбата мора да биде законско, да биде од општ интерес и мора да биде сразмерно односно мора да постигне „правична рамнотежа“ меѓу потребата од општ интерес на заедницата и условите на заштитата на основните права на лицето (види, меѓу другите извори, Beyeler v. Italy [GC], no. 33202/96, § 107, ECHR 2000‑I и Гладишева против Русија, цитиран горе, § 65). Во проценувањето на сразмерноста на нарушувањето, Судот мора од една страна да ја земе во предвид важноста на посакуваната цел, а од друга страна товарот што му е наметнат на жалителот, вклучително и природата на нарушувањето, однесувањето на жалителот и тоа на државните власти (види Yildirim v. Italy (dec.), no. 38602/02, 10 April 2003, и Forminster Enterprises Limited v. the Czech Republic, no. 38238/04, § 75, 9 October 2008).
45. Навраќајќи се на условот за „законитост“ Судот најпрво забележа дека во актуелниот случај ништо не укажува на тоа дека Вишиот суд ги применил законските одредби што се во прашање, имено членот 73a § 3 од Законот за кривична постапка, на евидентно погрешен начин или со цел да се дојде до произволни заклучоци. Понатаму нема никаква сугестија дека релевантните одредби не биле достапни, прецизни и предвидливи (види Бејелер, цитиран горе, §§ 108-109). Последователно, задржувањето на кауцијата било во согласност со условот за законитост.
46. Судот понатаму смета дека задржувањето имало легитимна цел за правилно спроведување на кривичната постапка или поопшто, борба против криминал и спречување на криминал што несомнено потпаѓа под општиот интерес како што е предвидено со Протоколот бр. 1 (види Јилдирим, цитиран горе, и Denisova and Moiseyeva v. Russia, no. 16903/03, § 58, 1 April 2010). Тој исто така смета дека овој интерес е особено важен.
47. Осврнувајќи се на тестот на сразмерност, Судот најпрво забележува дека кауцијата од приближно 400.000 евра е значителна сума на пари. Меѓутоа, место за дискусија за сразмерноста на износот на кауцијата како гаранција е во моментот кога се одредува кауцијата (како на пример во Mangouras v. Spain [GC], no. 12050/04, §§ 78 and 80, ECHR 2010), а не кога ќе се задржи истата. Во актуелниов случај жалителот не го оспорува изречениот износ на кауцијата како неразумен, и навистина Судот забележува дека тој наводно можел да ја обезбеди гаранцијата брзо и без некои поголеми проблеми.
48. Главниот проблем во случајов е дали ослободувањето треба да игра улога во одлуката дека кауцијата требала да се задржи. Во овој контекст тој забележува дека целта на кауцијата е да се обезбеди соодветно спроведување на кривични постапки и особено да се обезбеди обвинетиот да се појави на расправата (види, во контекст на првичното одредување на гаранцијата со кауција, Монгурас против Шпанија [ГСС], цитиран горе, § 78).
49. Меѓутоа, спроведувањето на кривичната постапка било значително попречено од страна на непочитувањето на условите на кауцијата од страна на жалителот. Жалителот не се појавил на ниедно од закажаните судски рочишта и на никаков начин не му помогнал на судот, иако мора да бил свесен дека ги кршел условите на својата кауција. Судските рочишта требале да бидат одложени неколкупати што резултирало со значително одолговлечување на постапката, а Регионалниот суд бил соочен со сериозни потешкотии во неговите обиди да му ги врачи документите на жалителот.
50. Понатаму мора да се забележи дека фактот што жалителот бил ослободен сам по себе не значи дека неговото обвинение било незаконско или на некаков начин извалкано на почетокот. Потребни се различни стандарди за докажување за едно лице да биде осудено, обично опишани како докажување вон разумен сомнеж или за лице да биде обвинето, обично се опишува како разумен сомнеж дека лицето го сторило делото. Затоа може да има случаи на разумен сомнеж кои за време на судењето нема да резултираат со осуда вон разумен сомнеж. Сепак во оваа ситуација постои разумен интерес за државата за соодветно спроведување на постапките и да се обезбеди лицата за кои постои разумен сомнеж дека истите го сториле кривичното дело да не се обидат да ја избегнат правдата или да го оневозможат мазното спроведување на постапките во кои ќе се процени нивната вина или спротивното.
51. Затоа, исходот од постапките нема директна релевантност за прашањето на задржувањето на кауцијата. Прашањето е повеќе во насока дали задржувањето било сразмерно со оглед на повредата на условите на кауцијата за време на постапката.
52. Судот забележува дека кауцијата во овој случај не била задржана заради неможноста да му се достави ниту еден документ на жалителот. Вишиот суд заклучил дека жалителот избегнувал кривично гонење со тоа што неколку години не се вратил во државата. Судот смета дека иако на почетокот жалителот можеби имал објективни причини за тоа што не се појавил на судските рочишта, ова не важи за периодот откако го добил пасошот.
53. На жалителот му биле дадени бројни шанси да се појави на судењето. Судските рочишта биле презакажани неколку пати. Жалителот го добил пасошот, според неговата верзија на настаните, во април 2003 г., а одлуката за одржување на судењето in absentia била усвоена во декември 2005 г. Оттука значи имал најмалку две години и осум месеци да стапи во контакт со Регионалниот суд за да го закаже датумот за судското рочиште за кое би допатувал во Чешка. Во овие околности наодот на Вишиот суд дека жалителот со сопственото однесување покажал дека ја избегнувал својата кривична постапка не се чини за неразумен.
54. Во овие околности – односно кога жалителот мора да бил свесен за фактот дека ги прекршувал условите на својата кауција подолго време – негова должност била да го информира Регионалниот суд на јасен и недвосмислен начин за својата адреса во Русија и да остане во редовен контакт со него за да се решат проблемите околу доставата на службените документи во Русија, што требало да биде разгледано во контекст на Европската конвенција за заемна помош во однос на кривични прашања. Жалителот не го направил тоа. Писмото од адвокатот на жалителот од 8 јули 2002 г. не може да се смета за доволно во овие околности. Писмото само забележало дека жалителот имал сопствена пријавена адреса во Русија, но на никаков начин не било посочено каде сакал да ја прима поштата. Исто така на 2 септември 2004 г. жалителот го информирал судот дека не бил во можност да присуствува на расправата заради здравствени проблеми и затоа што имал нови адвокати, но повторно не ја дал адресата на достава во Русија.
55. Конечно Судот додава дека задржувањето, односно нарушувањето што е во прашање било резултат на целосно акузаторна постапка во која жалителот можел да ги претстави своите аргументи. Домашните судови внимателно ги анализирале важните прашања и ги образложиле своите одлуки на сеопфатен начин (види G. v. Germany (dec.), no. 10577/83, 6 May 1985). Процедуралните услови од членот 1 од Протоколот бр. 1 (види AGOSI v. the United Kingdom, 24 October 1986, § 55, Series A no. 108) со тоа биле исполнети.
56. Со оглед на горенаведените размислувања Судот смета дека одлуката да се задржи кауцијата на жалителот постигнала „правична рамнотежа“ меѓу барањето за општ интерес за заедницата и условите за правата на жалителот во околностите на случајот.
57. Соодветно на тоа немало повреда на членот 1 од Протоколот бр. 1.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 6 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
58. Согласно членот 6 од Конвенцијата жалителот не се согласувал со домашните одлуки за кауцијата и се жалел дека истите биле недоволно образложени.
59. Во контекст на целиот материјал кој го поседува, и што се однесува до тоа колку овие жалби потпаѓаат под надлежност на Судот, тој утврдува дека тие не покажуваат никаква појава на повреда на правата и слободите утврдени во Конвенцијата или нејзините Протоколи. Следи дека оваа жалба мора да се одбие како очигледно неоснована согласно членот 35 §§ 3 (а) и 4 од Конвенцијата.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Едногласно ја прогласи жалбата во однос на членот 1 од Протоколот бр. 1 за допуштена, а остатокот на жалбата за недопуштена.
2. Одлучи со шест гласа наспроти еден дека немало повреда на членот 1 од Протоколот бр. 1.
Изготвена на англиски јазик, и доставена на писмено на 20 јуни 2013 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Клаудиа ВестердиекМарк Вилигер
Секретар Претседател
Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот за работа на Судот, издвоеното мислење на судијата Пејхал е приложено кон оваа пресуда.
М.В.
К.В.
Издвоените мислења не се преведени но можат да се најдат на англиски и/или француски јазик во верзијата (верзиите) на официјалниот јазик кои можат да се консултираат во ХУДОЦ базата на податоци за судската пракса на Судот.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2013.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy