ЧЕТВРТА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА ИЛИЈКОВ против Бугарија
(Жалба бр. 33977/96)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
26 јули 2001 г.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (www.coe.int/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Оваа пресуда може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на Илијков против Бугарија,
Европскиот суд за човекови права (Четвртата секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:
Г-динА. Пастор Ридруехо (A. Pastor Ridruejo), претседател,
Г-динЛ. Кафлиш (L. Caflisch),
Г-динЈ. Макарчик (J. Makarczyk),
Г-динВ. Буткевич (V. Butkevych),
Г-ѓаН. Вајиќ (N. Vajić),
Г-динЏ. Хедиган (J. Hedigan),
Г-ѓаС. Ботучарова (S. Botoucharova), судии,
и г-дин В. Бергер (V. Berger), секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 10 јули 2001 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше упатен до Судот во согласност со одредбите што се применуваа пред стапување на сила на Протоколот бр. 11 на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“)[1] од страна на Европската комисија за човекови права („Комисијата“) на 8 март 1999 год. (членот 5 § 4 од Протоколот бр. 11 и поранешните членови 47 и 48 од Конвенцијата).
2. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 33977/96) против Бугарија поднесена до Комисијата согласно поранешниот член 25 од Конвенцијата од бугарски државјанин, г-динот Петар Илијков („жалителот“), на 25 октомври 1996 год.
3. Жалителот тврдеше дека имало повреда на членот 5 §§ 3 и 4 од Конвенцијата во однос на времетраењето на неговиот притвор и разгледувањето на неговите жалби против притворот и повредата на членот 6 § 1 од Конвенцијата во однос на времетраењето на кривичната постапка против него. Во својата првична жалба жалителот исто така тврдеше дека имало повреда на членовите 3, 5 § 1 и 6 § 3 од Конвенцијата и тврдеше дека имало попречување на неговото право на жалба согласно поранешниот член 25 од Конвенцијата.
4. Комисијата ја прогласи жалбата за делумно допуштена на 20 октомври 1997 г. Во својот извештај од 29 октомври 1998 г. (поранешниот член 31 од Конвенцијата), таа изрази едногласно мислење дека имало повреда на членот 5 §§ 3 и 4 и членот 6 § 1 од Конвенцијата.
5. Пред Судот жалителот беше претставуван од г-динот М. Екимджиев, адвокат со пракса во Пловдив. Бугарската Влада („Владата“) беше претставувана од нивниот агент г-ѓата Самарас од Министерството за правда.
6. На 31 март 1999 г. Големиот судски совет одлучи дека за случајот треба да одлучи Судски совет во состав на една од Секциите на Судот. На 1 април 1999 г. случајот и беше доделен на Четвртата секција (правило 100 § 1, 24 § 6 и 52 § 1 од Деловникот на Судот).
На 24 септември 1999 г. жалителот побара судијата Ботучарова да се повлече. По разгледување на барањето, на 9 ноември 1999 г. Судскиот совет го одби.
7. И жалителот и Владата поднесоа молба и писмени забелешки по молбата на другата страна.
8. Судскиот совет одлучи дека не било неопходно да се одржи расправа (правило 59 § 2 in fine).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
А. Кривичната постапка
9. На 4 октомври 1993 г. жалителот бил уапсен под обвиненија за фалсификување на документи и измама во врска со кривичната истрага која била отворена на 10 септември 1993 г.
Се тврдело дека жалителот со помош на цариник и двајца соучесници изработиле лажни царински декларации со кои се потврдувале фиктивни извози на цигари што во реалност биле продавани на домашниот пазар. Врз основа на лажните декларации жалителот добивал поврат на одредена акциза и се обидел да добие дополнителен поврат на средства. Вкупниот износ на измамата за која подоцна бил прогласен за виновен (види во параграф 33 долу), бил 15.230.400 стари бугарски левови („БГЛ“) (околу 3.000.000 француски франци („ФРФ“) во тоа време).
Обвиненијата подигнати против жалителот се засновале на членот 212 § 4 од Казнениот законик кој предвидувал казна затвор од десет до дваесет години.
10. За време на прелиминарната истрага досието на случајот било пренесено двапати од канцеларијата на истражителот од Пловдив до Регионалниот суд во Пловдив за жалбите против притворот да можат да бидат проверени. Досието на случајот на тој начин не било достапно за истражителот и надзорниот обвинител дванаесет дена (меѓу 28 октомври и 9 ноември 1993 г.) и уште четири дена (меѓу 28 февруари и 2 март 1994 г.).
11. Прелиминарната истрага била затворена на 5 април 1994 г. кога обвинението подготвено од обвинителот било поднесено до Регионалниот суд на Пловдив.
12. Регионалниот суд на Пловдив се состанал во состав на судски совет од три судии: претседател кој бил професионален судија и двајца судии поротници.
Тој ја одржал првата расправа на 12 и 13 мај 1994 г. кога биле сослушани четири обвинети и неколку сведоци. Обвинителот и адвокатите на одбраната побарале одобрение да поднесат дополнителни докази. Судот ја одложил расправата.
13. Неколкупати за време на постапките Регионалниот суд морал да чека досието на случајот да биде вратено од Врховниот суд во Софија, каде било испратено заради разгледување на жалбите поднесени од жалителот и неговите со-обвинети против одбивањата на Регионалниот суд да ги ослободи со кауција. Во пракса, секогаш кога ќе се поднесела таква жалба, Регионалниот суд во Пловдив го префрлал досието на случајот заедно со жалбата и мислењето на обвинителот.
14. Досието на случајот било испратено до Врховниот суд на 28 мај 1994 г. за жалбата на еден од со-обвинетите против притворот за да биде разгледанa и истото било вратено на 30 јуни 1994 г.
Регионалниот суд не работел на случајот до 13 септември 1994 г., кога судијата претседавач наредил да се обезбеди одреден доказ.
15. Следната расправа се одржала на 6 октомври 1994 г. Судот сослушал неколку сведоци и ја одложил расправата со оглед дека обвинителот инсистирал други сведоци кои не се појавиле да бидат сослушани. На некои од нив им биле изречени парични казни затоа што не се појавиле на судењето. Судот понатаму одлучил да побара помош од полицијата за да ги утврди адресите на другите сведоци кои не можеле да бидат најдени.
16. Расправата продолжила на 29 и 30 ноември 1994 год. Неколку сведоци и вештаци биле сослушани. И обвинителството и одбраната барале да воведат дополнителни докази. Расправата бил одложен.
17. Меѓу 20 јануари и 21 февруари 1995 г. досието на случајот било во Софија во Врховниот суд за да се разгледаат жалби против притворот.
18. Расправата закажана за 19 април 1995 г. била одложена затоа што судијата претседавач бил болен. Следната расправа закажана за 9 јуни 1995 г. била одложена бидејќи еден од судиите поротници се разболел.
19. На 12 јули 1995 г. судот кој заседавал зад затворени врати побарал вештачење.
Расправата закажана за 21 септември 1995 г. била одложена заради болест на адвокатот на еден од со-обвинетите.
20. Меѓу 3 октомври и 6 ноември 1995 г. досието на случајот било во Софија во Врховниот суд, кој разгледувал жалби против притворот.
21. Следната расправа закажана за 12 јануари 1996 г. морала да се одложи затоа што двајцата судии поротници биле болни.
22. Откако дознале дека судиите поротници биле спречени понатаму да учествуваат во постапката заради болест, на 19 февруари 1996 г. Регионалниот суд на Пловдив повторно започнал со разгледување на случајот со двајца нови судии поротници.
23. Новиот судски совет одржал расправа на 26 и 27 март 1996 г, која била одложена бидејќи некои од сведоците не биле повикани заради пропуст на судскиот соработник и бидејќи странките сакале да воведат дополнителни докази. Судот го одредил датумот за следната расправа за 7 и 8 мај 1996 г.
24. На 7 и 8 мај 1996 г. судот сослушал неколку сведоци и вештак. Расправата била одложена затоа што дополнителни докази требале да се обезбедат.
25. Меѓу 9 и 28 мај 1996 г. досието на случајот било во Врховниот суд во Софија заради жалбите против притворот.
26. Расправата закажана за 16 и 17 септември 1996 г. била одложена за 29 и 30 октомври 1996 г. бидејќи судијата поротник си ја скршил ногата и не можел да присуствува.
27. На 29 октомври 1996 г. странките во кривичниот случај, вклучувајќи го жалителот кој во тоа време бил на штрајк со глад, се појавил пред Регионалниот суд на Пловдив. Адвокатите побарале одлагање со оглед на здравствената состојба на жалителот и отсуството на сведоците и на адвокатот на одбраната. Судот ги сослушал медицинските вештаци кои биле назначени претходниот ден и кои го прегледале жалителот на кратко. Вештаците изјавиле дека жалителот требал да биде подложен на целосен преглед во болница. На 30 октомври 1996 г. судот наредил привремено жалителот да биде примен во болница, а расправата да биде одложена. Странките не се согласиле со причините за ова одлагање. Жалителот се изјасни дека отсуството на неколку сведоци било одлучувачко, додека што Владата тврдеше дека единствената причина била здравствената состојба на жалителот, со оглед дека медицинските вештаци сметале дека тој не бил доволно добар за да учествува во расправата.
28. Меѓу 19 ноември и 4 декември 1996 г. досието на случајот било во Врховниот суд во Софија заради жалби против притворот. Во своето писмо до Врховниот суд, Регионалниот суд го нагласил фактот дека расправата била закажана за 19 декември 1996 г. и побарал враќање на досието на случајот пред тој датум.
29. Расправата продолжила на 19 декември 1996 г. Еден сведок бил сослушан. Друг сведок не се појавил, судот ги прифатил барањата на адвокатите на одбраната и на обвинителот за дополнително одлагање.
30. Со два исклучоци, Регионалниот суд од Пловдив кога ја одлагал расправата не го кажувал во судницата датумот за продолжување со расправата. Како резултат на тоа, одредени сведоци и вештаци кои присуствувале, но требале повторно да се сослушаат биле информирани за датумот кога ќе се продолжи со расправата преку судски покани за присуство. Доколку поканите не стигнеле до засегнатото лице разгледувањето на случајот не можело да се заврши на продолжената расправата.
Конкретно, сведоците г-ѓата Н.Х. и г-динот С.З. биле присутни на расправата на 13 мај 1994 г., но не биле соодветно поканети за расправата на 29 ноември 1994 г. Сведокот г-динот Г.П. бил присутен на расправата на 26 март 1996 г. но не бил соодветно поканет за расправата на 7 мај 1996. Последнава расправа била одложена за да се овозможи испитување на сведоци кои не се појавиле.
31. Регионалниот суд во текот на постапката барал помош од полицијата за да ги утврди адресите на сведоците и да ги изнесе пред судот. За еден од сведоците постоел сомнеж дека се обидува да го избегне врачувањето на судските покани.
32. Последната расправа пред Регионалниот суд на Пловдив се одржала на 28-31 јануари 1997 г. Судот ги сослушал сведоците и изјаснувањата на странките за кривичниот случај и разгледал други докази. Жалителот очигледно неуспешно побарал одлагање на расправата за да сослуша четворица отсутни сведоци чие присуство претходно било побарано од двете странки.
33. На 31 јануари 1997 г. Регионалниот суд го осудил жалителот и му изрекол казна затвор од тринаесет години. Неговите соучесници исто така биле осудени и добиле казни затвор меѓу единаесет и дванаесет години. Судот го резервирал образложението на својата пресуда. Било подготвено на неутврден датум најмалку три месеци по изрекувањето на пресудата.
34. На 10 февруари 1997 г. жалителот се жалел против пресудата и казната до Врховниот суд за касација, кој согласно релевантното право функционирал како апелационен суд во случаи како тој на жалителот.
Врховниот суд за касација ја закажал расправата по случајот на 26 септември 1997 г. На тој датум обвинителот кој бил назначен да се појави пред Врховниот суд за касација се изјаснил дека од порано се познавал со едно од осудените лица и дека сакал да биде изземен. Судот ја одложил расправата.
35. Расправата била одржана на 23 јануари 1998 г. На 18 март 1998 г. Врховниот суд за касација ја потврдил пресудата и казната на жалителот.
36. Сè до тој момент жалителот бил претставуван од адвокат, а од време на време од двајца или тројца адвокати во исто време.
37. На 24 март 1998 г. едно од лицата осудени на истото судење повело постапка за ревизија (касација).
Петчлениот судски совет на Врховниот суд за касација одржал расправа на 10 јуни 1998 г. на која жалителот се појавил без правен застапник. Тој изразил желба да се приклучи кон постапката за ревизија (касација), коешто сè уште било можно бидејќи статутарниот рок не бил истечен. Судот ја одложил расправата за да му овозможи на жалителот да поднесе жалба за ревизија (касација) и да договори правно застапување. Жалителот поднел молба за разгледување на 22 јуни 1998 г.
38. Расправата продолжила на 9 декември 1998 г.
Со пресуда од 22 март 1999 г. Врховниот суд за касација ја отфрлил молбата на жалителот за ревизија (касација).
Б. Притворот на жалителот
39. На 4 октомври 1993 г., на денот на неговото апсење, жалителот бил изнесен пред истражител кој одлучил да го притвори. Одлуката била одобрена од обвинител истиот ден.
На 14 октомври 1993 г., кога случајот бил во прелиминарна истражна фаза, жалителот се жалел до Регионалниот суд на Пловдив против неговиот притвор. Судот го разгледал случајот зад затворена врата, врз основа на досието на истражителот, молбата на жалителот и коментарите на обвинителот за кои не бил известен жалителот. Со одлука од 3 ноември 1993 г. судот ја отфрлил жалбата на жалителот.
40. Еден од соучесниците на жалителот, извесен г-дин Х. бил ослободен со кауција на 6 ноември 1993 г., но бил повторно уапсен на 15 февруари 1994 г. Додека бил на слобода г-динот Х. се обидел да го наведе г-динот Г., сведок, да даде лажна изјава и подоцна бил обвинет и осуден и за тоа дело.
41. После заклучокот од прелиминарната истрага во случајот на жалителот и после нејзиното предавање во април 1994 г. за судење, жалителот поднел до регионалниот суд на Пловдив седум барања да биде ослободен со кауција. Биле поднесени жалби до Врховниот суд против некои од одлуките на Регионалниот суд.
42. Првото од тие седум барања за кауција било поднесено на 3 октомври 1994 г. и отфрлено од Регионалниот суд на 6 октомври 1994 г.
Друго барање, поднесено на неутврден датум, било отфрлено од Регионалниот суд на 30 ноември 1994 г. Одбивањето на Регионалниот суд да го ослободи жалителот било потврдено од Врховниот суд на 21 февруари 1995 г.
43. Во својата одлука од 21 февруари 1995 г. Врховниот суд изјавил дека согласно членот 152 §§ 1 и 2 од Законот за кривична постапка притворот бил задолжителен за сите обвинети за кривично дело казниво со десет или повеќе години затвор, единствениот исклучок бил кога било сосема јасно, без никаков сомнеж, дека немало опасност да избега или да го повтори делото. Според гледиштето на Врховниот суд таков би бил случајот кога на пример обвинетиот би бил сериозно болен, во години или во друга состојба која исклучувала опасност тој или таа да избега или да го повтори делото. Бидејќи жалителот бил обвинет за кривично дело казниво со казна затвор од повеќе од десет години затвор и со оглед дека не биле утврдени никакви посебни околности со кои се исклучувала опасноста тој да избега или да го повтори делото немало основ да се нареди тој да биде ослободен со кауција. Врховниот суд упатувал на својата пракса по прашањето.
Врховниот суд понатаму одбил да го земе во предвид аргументот на жалителот дека доказите против него биле слаби. Тој одлучил дека немал јуриздикција да го прави тоа во врска со барањето да биде ослободен со кауција. Неговата единствена задача била да испита дали условите за притвор согласно членот 152 од Законот за кривична постапка биле исполнети.
44. Жалителот повторно побарал да биде ослободен со кауција на 11 јули 1995 г. Тоа барање било отфрлено од страна на Регионалниот суд на 21 септември 1995 г. По жалбата одбивањето на Регионалниот суд да го ослободи жалителот било потврдено од Врховниот суд кој заседавал зад затворена врата на 6 ноември 1995 г., по примањето на забелешките на обвинителот кои не биле доставени до жалителот. Врховниот суд се изјаснил дека жалителот можел да биде ослободен само ако постоел недвосмислен доказ со кој се утврдувало без никаков сомнеж дека немало опасност тој да избега, да го повтори делото или да ја попречи истрагата. Меѓутоа таков доказ не бил достапен во случајот на жалителот.
Со одлука од 4 декември 1995 г. Регионалниот суд го одбил барањето на жалителот, доставено на неутврден датум, за поништување или менување на неговата претходна одлука во врска со неговиот притвор. Осврнувајќи се на аргументот на жалителот дека материјалот во случајот посочувал дека тој не сторил кривично дело, судот изјавил дека не бил отворен за анализа на доказите од кривичната постапка. Законитоста на притворот требала да се измери врз основа на обвинението против жалителот. Единствениот друг елемент кој треба да се испита бил дали постоеле или не вонредни околности кои демонстрирале без никаков сомнеж дека не постоела дури и хипотетичка опасност тој да избега, да го повтори делото или да ја попречи истрагата. Меѓутоа судот веќе утврдил дека такви околности не постоеле.
45. Дополнително барање за ослободување со кауција поднесено на 15 јануари 1996 г. било одбиено од страна на Регионалниот суд на 20 февруари 1996 г. со оглед дека немало промена во околностите.
На расправата на 27 март 1996 г. пред Регионалниот суд жалителот поднел усно барање за ослободување. Тоа било одбиено истиот ден. Судот изјавил дека немало промена во околностите и дека законот не утврдил временски рок за притворот.
46. На 1 април 1996 г. адвокатот на жалителот поднел жалба до Врховниот суд против одлуката од 27 март 1996 г. Три дена подоцна, на 4 април, жалителот исто така поднел жалба лично. Жалбите биле поднесени преку Регионалниот суд во согласност со утврдената пракса. Основите за жалбата била, меѓу другото, дека сите докази во кривичниот случај веќе биле испитани и затоа немало опасност жалителот да го попречи текот на правдата. Понатаму, немало опасност тој да избега со оглед дека бил во странство кога започнала истрагата и се вратил доброволно. Никогаш претходно не бил осудуван за кривично дело, имал семејство и постојан престој. Жалителот исто така изјавил дека времетраењето на неговиот притвор ја повредил Конвенцијата.
47. Со одлука од 9 април 1996 г. усвоена зад затворени врати Регионалниот суд, пред да ги упати жалбите од 1 и 4 април 1996 г. до Врховниот суд, го потврдил своето одбивање од 27 март 1996 г. да го ослободи жалителот. Регионалниот суд изјавил меѓу другото дека аргументите на жалителот не можеле, согласно утврдената пракса на Врховниот суд, да служат како основа за одлука за негово ослободување.
48. Жалбите на жалителот од 1 и 4 април 1996 г. биле пренесени до Врховниот суд на 9 мај 1996 г. На 10 нај 1996 г. жалителот поднел дополнителна жалба против одбивањето на Регионалниот суд да го ослободи. Таа им се приклучила на претходните две жалби.
49. На 22 мај 1996 г. обвинител од Главното јавно обвинителство поднел писмени поднесоци по жалбите до Уставниот суд, повикувајќи го да ги отфрли. За поднесоците не бил известен жалителот.
На 28 мај 1996 г. Врховниот суд ги отфрлил жалбите. Одлучил дека согласно членот 152 § 1 од Законот за кривична постапка притворот на жалителот бил оправдан и дека случајот пред него не ги исполнил очекувањата уредени со членот 152 § од Законот.
Судот исто така изјавил дека времетраењето на постапките и прашањето дека обвиненијата биле добро основани биле нерелевантни.
50. На 15 октомври 1996 г. жалителот поднел дополнително барање за ослободување со кауција. Во тоа време повеќе не бил на штрајк со глад кој го започнал на 23 септември 1996 г. во знак на протест против неговиот континуиран притвор.
Судијата претседавач нотирал на 23 октомври 1996 г. дека судот не можел да ја ислуша жалбата бидејќи еден од судиите се разболел.
На расправата на 29 и 30 октомври 1996 г. жалителот го обновил своето барање.
Регионалниот суд ги сослушал медицинските вештаци кои го прегледале жалителот и го отфрлил неговото барање од 30 октомври 1996 г.
51. На 6 ноември 1996 г. адвокатите на жалителот поднеле жалба против одлуката од 30 октомври 1996 г.
На 11 ноември 1996 г., пред да ги пренесе жалбите до Врховниот суд, Регионалниот суд кој заседавал зад затворени врати ја потврдил својата одлука од 30 октомври 1996 г. Тој одлучил меѓу другото дека немало промени во околностите освен кај здравствената состојба на жалителот која се влошувала. Меѓутоа медицинските вештаци не изјавиле дека неговото ослободување било неопходно, а неговата состојба постојано била следена во болница.
52. На 19 ноември 1996 г. жалбата била доставена до Врховниот суд.
На 25 ноември 1996 г. обвинител од Главното јавно обвинителство поднел писмени поднесоци по жалбите до Врховниот суд, повикувајќи го да ја отфрли жалбата. За коментарите не бил известен жалителот.
53. На 4 декември 1996 г. Врховниот суд кој заседавал зад затворени врати ја отфрлил жалбата. Тој меѓу другото изјавил дека постоела можна опасност од бегство, повторување на делото и попречување на текот на правдата со оглед на тежината на кривичното дело за кое бил обвинет жалителот. Здравствените проблеми на жалителот, кои можеле да се решат во услови на притворот, и времетраењето на неговиот притвор – и покрај неговите неизбежни негативни последици – не влијаеле на одлуката. Судот понатаму сметал дека поплаките на жалителот согласно Конвенцијата биле неосновани. Конкретно, жалителот погрешно сметал дека одредени одредби од Законот за кривична постапка не биле во согласност со Конвенцијата.
54. На 31 јануари 1997 г. жалителот бил осуден и му била изречена казна затвор (види во параграф 33 горе).
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Одредби на Законот за кривична постапка и праксата во однос на законските услови и оправдување на притворот
55. Врховниот суд изјави дека не е можно за судовите кога разгледуваат една жалба против притворот да се распрашаат дали постојат доволно докази за да се поткрепат обвиненијата против притвореникот. Судовите мораат само да ја испитаат законитоста на налогот за притвор (Одлуката бр. 24 од 23 мај 1995 во случајот бр. 268/95, I Chamber, Bulletin 1995, p. 149)
56. Ставовите 1 и 2 од членот 152, кои биле на сила во материјалното време (и до 4 јуни 1995 г), го уредуваат следново:
„(1) Притворот се изрекува [во случаи кога обвиненијата се за] кривични дела казниви со казна затвор од десет или повеќе години или со смртна казна.
(2) Во случаите од претходниот став [притвор] нема да се изрекува доколку не постои опасност обвинетиот да и избега на правдата или да изврши други дела.“
57. Овие одредби од 4 јуни 1995 г. до август 1997 г., како што се формулирани, го уредуваат следново:
„(1) Притворот ќе биде изречен [во случаи кога обвиненијата се однесуваат] на сериозно кривично дело сторено со умисла.
(2) Во случаите кои потпаѓаат под став 1 [притвор] може да не биде изречен доколку не постои опасност обвинетиот да и избега на правдата, да ја попречува истрагата или да стори дополнително кривично дело.“
Според членот 93 § 7 од Казнениот законик „сериозно“ кривично дело е она што се казнува со казна затвор од повеќе од пет години.
58. Изменете и дополнувањата на членот 152 и други одредби што се однесуваат на основот за притвор стапија на сила од 1 јануари 2000 г.
59. Според праксата на Врховниот суд во релевантното време (сега стана барем делумно застарено како резултат на измените и дополнувањата што се на сила од 1 јануари 2000 г.) членот 152 § 1 бара лицето што е обвинето за сериозно кривично дело со умисла (или за кривично дело кое се казнува со казна затвор од десет или повеќе години, според оваа одредба која била на сила пред јуни 1995 г.) да биде притворено. Извршувањето било можно само во согласност со членот 152 § 2, кога било јасно без сомнеж дека секаква опасност од бегство или повторување на делото била објективно исклучена, како на пример во случај на обвинет кој е сериозно болен, во години или веќе притворен по друг основ, како што е отслужување на казна (Decision no. 1 of 4 May1992 in case no. 1/92, II Chamber, Bulletin 1992/93, p. 172; Decision no. 4 of 21 February 1995 in case no. 76/95, II Chamber; Decision no. 78 of 6 November 1995 in case no. 768/95, II Chamber; Decision no. 24 in case no. 268/95, I Chamber, Bulletin 1995, p. 149).
Б. Жалби против притвор во фазата на судење од кривичната постапка
60. Според членот 304 § 1 од Законот за кривична постапка, барањата на притвореното лице за ослободување во фазата на судење од кривичната постапка се разгледуваат од судечкиот суд.
61. Од членот 304 §§ 1 и 2 произлегува дека таквите барања мораат да бидат разгледани зад затворена врата или на усна расправа. Законот не бара судечкиот суд да одлучи во одреден временски рок.
Одлуката на судечкиот суд што се однесува до барањето за ослободување е предмет на жалба до повисок суд (членот 344 § 3). Жалбата мора да биде поднесена во рок од седум дена (член 345) до судечкиот суд (член 348 § 4 во врска со членот 318 § 2). Според членот 34, после приемот на жалбата, судечкиот суд, на затворена седница, одлучува дали постои основ за поништување или менување на својата одлука. Доколку не утврди причини да го стори тоа судечкиот суд ја префрла жалбата до повисок суд.
Пред да го стори тоа судечкиот суд мора да ја информира другата странка за жалбата и да ги прими нејзините забелешки на писмено (членот 348 § 4 во врска со членовите 320 и 321). Законот не предвидува забелешките на обвинителот да му бидат соопштени на подносителот на жалбата.
62. Членот 348 уредува дека апелациониот суд може да ја разгледа жалбата зад затворени врати или, доколку смета дека е потребно, на усна расправа. Законот не бара апелациониот суд да одлучи во одреден временски рок.
В. Казнениот законик
63. Членот 212 § 4 вели дека е кривично дело ако се присвои многу големо количество на имот со користење на фалсификувани документи. Ова дело се казнува со казна затвор од десет до дваесет години.
Г. Друго релевантно право
64. Членот 259 од Законот за кривична постапка е насловен „Заменски судии и судии поротници“. Ставот 1 уредува:
„Кога разгледувањето на случајот ќе трае долго, може да се назначи заменски судија или судија поротник.“
65. Во 1997 г. Врховниот суд се поделил на Врховен суд за касација и Врховен управен суд.
66. Членот 362 од Законот за кривична постапка, на сила од април 1998 г., уредува дека кривичните постапки можат повторно да се отворат кога „ќе се утврди со пресуда на Европскиот суд за човекови права повреда на Конвенцијата од суштинска важност за одреден случај“.
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
67. Г-динот Илијков тврдеше дека тој бил притворен неразумно долго време. Тој се повика на членот 5 § 3 од Конвенцијата којшто, што се однесува до релевантното, уредува:
„Секое лице уапсено или притворено според одредбите на став 1(в) од овој член има ... право на судење во разумен рок или да биде пуштено на слобода додека го чека судењето. Пуштањето може да се услови со давање гаранција дека тоа лице ќе се појави на судењето.“
А. Аргументите пред Судот
1. Жалителот
68. Жалителот се изјасни дека одлуките во однос на неговиот притвор се засновале исклучиво на тежината на обвиненијата. Релевантното домашно право и судската пракса на Врховниот суд имаат утврдено дека се претпоставувало дека постои опасност од бегство или повторување на делото – и со тоа потреба од притвор – за сите обвинети за кривично дело казниво со казна затвор од одредено времетраење.
Исто така, со повреда на основните начела на кривичното правосудство домашното право и пракса го префрлиле товарот на докажување така што обвинетиот морал да се докаже дека немало опасност тој да избега или да стори кривично дело. Судските власти во неговиот случај на тој начин во своите одлуки се ограничиле на повторување дека жалителот не успеал да покаже дека таква опасност не постоела и при тоа отфрлале конкретни релевантни факти како што е фактот дека тој имал постојана адреса на живеење и неговата семејна ситуација.
На тој начин жалителот тврдел дека неговиот континуиран притвор не се засновал на релевантни и доволни основи.
69. Што се однесува до одлагањата на постапките, жалителот се изјаснил дека интервалите меѓу одредени расправи, времето што било изгубено во префрлањето на досието на случајот од еден суд до друг, постојаниот проблем со непојавувањето на сведоците, неактивноста на судовите за време на летните одмори и фактот дека не биле назначени заменски судии поротници, сето тоа допринело за претерано времетраење на неговиот притвор.
Жалителот понатаму ги анализираше причините за одлагањата на расправите и сметаше дека властите биле одговорни за многу од нив. Тој го оспори тврдењето на Владата дека тој предизвикал одлагања преку барања за изнесување на дополнителни докази или дека неговите адвокати се согласиле на повеќето одлагања.
70. Жалителот конечно го сметаше за контрадикторен поднесокот на Владата во врска со сложеноста на случајот (види во параграфите 72 и 73 долу). Нивната изјава дека случајот не бил доволно тежок за да се бара назначување на заменски судии поротници не била доследна со нивното тврдење дека неговото времетраење било оправдано заради неговата сложеност.
2. Владата
71. Владата се изјасни дека обвиненијата против жалителот се однесувале на сериозни кривични дела. Во такви случаи членот 152 од Законот за кривична постапка барал обвинетиот да биде притворен. Ослободувањето со кауција било можно само во исклучителни околности кога не постоела дури ни теоретска можност за бегство, повторување на делото или попречување на текот на правдата. Во отсуство на конкретни докази за такви исклучителни околности претпоставка се јавувала дека постоела опасност обвинетиот да избега или да изврши кривично дело.
Што се однесува до товарот на докажување во такви услови, Владата тврдеше дека обвинителството било обврзано да утврди постоење на разумен сомнеж дека обвинетиот сторил сериозно кривично дело при што жалителот го носел товарот да докаже дека постоеле исклучителни околност кои барале ослободување со кауција.
Во случајот на жалителот одлуките во врска со неговиот притвор се засновале на тежината на обвиненијата и врз анализата на доказите што ги изнел во поткрепа на тврдењето дека немало да избега или да го повтори делото. Таквиот доказ се сметал за неубедлив. Причините за притворот на жалителот на тој начин биле релевантни и доволни.
Понатаму, немало индикација дека тој доброволно се вратил од странство откако дознал за кривичната постапка, како што тој тврдел. Напротив, постоеле информации кои сугерирале дека тој не се појавил кога за првпат бил повикан од обвинителството и дека полицијата морала да открие каде се наоѓал.
72. Според изјаснувањето на Владата факторите кои го одредиле времетраењето на притворот на жалителот би можеле да бидат поделени во две групи: „објективни“ и „субјективни“.
Најважната објективна тешкотија произлегува од сложеноста на случајот, илустрирана во шеесет страници долгата пресуда на Регионалниот суд, досието од истрагата на случајот од шест тома и фактот дека обвинителството повикало триесет и три сведоци.
Друг објективен фактор биле проблемите во однос на повикувањето на сведоци. Пет одлагања биле предизвикани од такви проблеми.
73. Владата понатаму го оспорила наодот на Комисијата дека властите можеле да ја избегнат потребата од повторно отпочнување на судењето доколку назначеле заменски судии поротници. Не можело да се предвиди дека случајот – кој вклучувал само четворица обвинети и околу триесет и тројца сведоци – ќе бил долго разгледуван и дека би бил потребен заменски судија поротник. Властите можеле разумно да очекуваат судењето да заврши за неколку дена.
Исто така членот 259 од Законот за кривична постапка дозволувал можност судењето да започне со „заменски судија или судија поротник“. Со оглед дека во случајот на жалителот имало потреба од замена на судиите поротници, повторното започнување на судењето било неизбежно.
74. Во однос на „субјективните“ фактори Владата упати на однесувањето на жалителот и оспорениот наод на Комисијата во врска со причините за неколку од одлагањата. Жалителот бил одговорен бидејќи поднел бројни барања за воведување на дополнителни докази, неговите адвокати се согласиле со некои од одлагањата и тој започнал штрајк со глад како резултат на кој имало едно одлагање. Истовремено Регионалниот суд ги презел сите можни мерки, вклучително и изрекување на парични казни за сведоците кои не се појавиле и побарал помош од полицијата за обезбедување на нивно присуство.
3. Комисијата
75. Комисијата забележа дека одлуките во врска со притворот на жалителот не се засновале на анализа на докази, туку исклучиво на фактот дека жалителот бил обвинет за кривично дело казниво со десет или повеќе години казна затвор што, според домашното право, ја наметнало претпоставката дека постоела опасност тој да избега, да го повтори делото или да ја попречи истрагата. Комисијата сметала дека со тоа што не се осврнале на фактите што биле релевантни за да се утврди дали таквата опасност постоела и со тоа што се потпирале исклучиво на сериозноста на обвиненијата властите го пролонгирале притворот на жалителот по основ кој не можел да се смета за доволен.
Комисијата понатаму забележува дека одредени одлагања можеле да бидат избегнати или намалени, дека Регионалниот суд бил одговорен за одлагањето предизвикано со повторното почнување на судењето со тоа што не успеале да назначат заменски судија поротник и дека интервалите меѓу расправите биле предолги. Во вакви околности, дури и ако одредени одлагања не можеле да им се препишат на властите, а други можеби биле предизвикани од жалителот, Комисијата утврдила дека властите не го покажале потребното посебно внимание во водењето на постапката.
Б. Оценка на Судот
76. Притворот на жалителот траел од 4 октомври 1993 г. до 31 јануари 1997 г. Затоа периодот што треба да се земе во предвид е три години, три месеци и дваесет и седум дена.
77. Утврдувањето на разумен сомнеж дека лицето што е уапсени го сторило делото е услов sine qua non за законитоста на континуиран притвор, но после одреден временски период повеќе не е доволен. Во такви случаи Судот мора да утврди дали другите основи посочени од судските власти и понатаму го оправдуваат лишувањето од слобода. Кога таквиот основ е „релевантен“ и „доволен“ Судот мора исто така да дознае дали надлежните национални власти покажале „посебна внимателност“ во спроведувањето на постапката (Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, §§ 152 and 153, ECHR 2000-IV).
78. Странките се чини дека не оспоруваат дека првичниот притвор на жалителот се засновал на разумен сомнеж дека го сторил кривичното дело. Судот не гледа причини да дојде до различен заклучок.
79. Што се однесува со основот за континуираниот притвор, домашните судови го применувале законот и праксата согласно кои имало пресумпција дека притворот бил неопходен во случаи кога казната со која бил соочен надминувала одреден праг на сериозност (десет години казна затвор според законот што бил на сила до јуни 1995 година и пет години казна затвор после тоа).
80. Тежината на казната со која се соочува е релевантен елемент во проценката на ризикот од бегство или повторување на делото. Судот прифаќа дека со оглед на сериозноста на обвиненијата против жалителот властите разумно можеле оправдано да сметаат дека таквиот почетен ризик бил утврден.
81. Меѓутоа, Судот во повеќе наврати одлучил дека тежината на обвиненијата не може сама по себе да послужи за оправдување на долги периоди на притвор (види, неодамнешен извор, Ječius v. Lithuania, no. 34578/97, § 94, ECHR 2000-IX).
Ова особено важи за актуелниот случај каде согласно применливото домашно право и пракса карактеризацијата на фактите во законот – и на тој начин казната со која е соочен жалителот – била утврдена од обвинителството без судска контрола на прашањето дали доказите поткрепувале или не разумен сомнеж дека обвинетиот го сторил делото за кое била предвидена казна од релевантното времетраење (види во параграфите 43, 44, 49, 53, 55 и 71 горе).
82. Единствениот друг основ за долгиот притвор на жалителот бил наодот на домашните судови дека немало никакви вонредни околности кои го оправдувале неговото ослободување.
83. Меѓутоа, тој наод не се засновал на анализата на сите важни факти. Властите ги сметаа аргументите на жалителот дека никогаш не бил осудуван, дека имал семејство и стабилен начин на живеење и дека со минување на време се намалила и секоја можна опасност од заговарање или бегство, како нерелевантни (види во параграфите 43-47, 49 и 53 горе).
Тие тоа го сториле бидејќи согласно членот 152 од Законот за кривична постапка и праксата на Врховниот суд пресумпцијата според таа одредба можела да биде побиена само во многу исклучиви околности кога дури и хипотетичка можност од бегство, повторување на делото или заговарање биле исклучене заради сериозна болест или други вонредни фактори.
Исто така било обврска на притвореното лице да го докаже постоењето на такви вонредни околности, и ако не успеел во тоа тогаш морал да остане во притвор во текот на целата постапка (види во параграфите 59 и 71 горе).
84. Судот повторува дека континуираниот притвор може да биде оправдан во даден случај само ако постојат конкретни индикации за вистинска потреба од јавен интерес која без разлика на пресумпцијата на невиност, надвладува над правилото за почитување на личната слобода. Секој систем на задолжителен притвор како таков е некомпатибилен со членот 5 § 3 од Конвенцијата (види Letellier v. France judgment of 26 June 1991, Series A no. 207, §§ 35-53; Clooth v. Belgium judgment of 12 December 1991, Series A no. 225, § 44; Muller v. France judgment of 17 March 1997, Reports of Judgments and Decisions 1997-II, §§ 35-45; горе цитираната пресуда во случајот Лабита, §§ 152 и 162-165; горе цитираната пресуда во случајот Јечиус против Литванија, §§ 93 и 94).
Кога законот предвидува пресумпција во однос на факторите што се релевантни за основот за континуиран притвор (види Contrada v. Italy judgment of 24 August 1998, Reports 1998-V, §§ 14, 16, 18, 23-30, 58-62), постоењето на конкретни факти кои го надвладуваат правилото за почитување на личната слобода мора сепак да се демонстрираат на убедлив начин.
85. Исто така Судот смета дека властите биле должни да ги утврдат тие релевантни факти. Префрлањето на товарот на докажување по такви прашање на притвореното лице е еднакво на отфрлање на правилото од членот 5 од Конвенцијата, одредба според која притворот е отстапување од правото на слобода во исклучителни околности и како таков е дозволен во исцрпно набројани и строго дефинирани случаи.
86. Властите се немаат повикано на ниеден друг основ за да се оправда долгиот притвор на жалителот.
Иако фактите коишто можеле да го оправдаат неговото лишување од слобода можеби постоеле, тие не биле спомнати во одлуките на судовите, наводно заради дејствието на пресумпцијата и префрлањето на товарот на докажување согласно членот 152 од Законот за кривична постапка, а не е задача на Судот да утврдува такви факти и да го заземе местото на националните власти кои одлучиле за притворот на жалителот. Нивна обврска е да ги испитаат сите факти во корист или против притворот и да ги постават во своите одлуки (види ја горе-цитираната пресуда во случајот на Лабита, § 152).
87. Во овој случај Судот утврдува дека со тоа што не се осврнале на конкретните релевантни факти и со тоа што се потпирале исклучиво на статутарна пресумпција заснована на тежината на обвинението, а која го префрлила на обвинетиот товарот на докажување дека немало дури ни хипотетичка опасност од бегство, повторување на делото или заговарање, властите го продолжиле притворот на жалителот по основ кој не може да се смета за доволен.
Властите на тој начин не успеале да го оправдаат притворот на жалителот за периодот од три години, три месеци и дваесет и седум дена. Во вакви околности не е неопходно да се разгледува дали постапката била спроведена со потребната внимателност.
Затоа имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 4 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
88. Жалителот тврдеше дека имало повреда на членот 5 § 4 од Конвенцијата, кој уредува:
„Секое лице лишено од слобода со апсење или притворање има право да иницира постапка со која за кус рок судот ќе одлучи за законитоста на неговиот притвор и ако тоа не било законско, да нареди негово ослободување.“
А. Изјаснувања пред Судот
89. Жалителот се изјасни дека постапките не биле акузаторни, дека судовите, во согласност со применливата законска регулатива и судска пракса, не ги испитале сите аспекти што се релевантни за законитоста на неговиот притвор и дека тие не одлучиле по неговиот случај брзо. Тој упати на извештајот на Комисијата за овој случај и на пресудата во случајот на Николова против Бугарија (Nikolova v. Bulgaria ([GC], no. 31195/96, ECHR 1999-II)). Тој понатаму забележа дека бугарските судови упорно одбиваат да ги разгледаат прашањата во врска со постоењето на разумен сомнеж за притвореното лице во habeas corpus постапките, особено кога кривичниот случај е во својата фаза на судење. Судечкиот судија сметал дека тоа би достигнало однапред проценување на основаноста на кривичниот случај.
90. Владата изјави дека судовите ги испитале сите релевантни аспекти. Прашањата во врска со доказите кои ги поткрепувале обвиненијата на жалителот биле прашања за основаноста на кривичниот случај и како такви биле нерелевантни да се разгледуваат во однос на законитоста на притворот.
Понатаму, жалителот можел да биде ослободен само доколку докажел дека постојат исклучителни околности како што се болест или други причини кои исклучувале дури и најмала хипотетичка опасност тој да избега, да стори кривично дело или да заговара. Со оглед дека товарот за утврдување на таквите околности го носел тој и со оглед дека неговите аргументи биле или нерелевантни или непоткрепени, судовите со право се ограничиле себеси со тоа што забележале дека не постојат никакви нови елементи. Меѓутоа, тоа го сториле после анализата на сите аргументи на жалителот.
91. Што се однесува до барањето за акузаторна постапка, Владата се изјасни дека фактот дека за забелешките на обвинителот жалителот не бил известен не претставувало прекршување на принципот на еднаквост на оружјето. Странките во постапката, обвинителот и притвореното лице, биле на исто рамниште со оглед дека секој од нив имал по една шанса да ги изрази своите гледишта: жалителот во својата жалба и обвинителот во своите писмени забелешки.
Владата не коментираше по жалбата дека судовите не дејствувале брзо.
92. Комисијата забележала дека во согласност со релевантната домашна судска пракса судовите не можеле и не се распрашале дали постоел разумен сомнеж или не против жалителот. Тој понатаму утврдил дека заради префрлањето на товарот на докажување согласно членот 152 §§ 1 и 2 од Законот за кривична постапка, Регионалниот суд имал обичај да го ограничи своето разгледување на жалбите на жалителот на просто верифицирање дали обвиненијата подигнати против него се однесувале на „сериозно кривично дело со умисла“ или не, единственото прашање на кое се осврнале била здравствената состојба на жалителот. Аргументите на жалителот дека не постоела опасност од негово бегство, заговарање или извршување на кривично дело, како што е поставено во неговата жалба од 1 април 1996 г. не биле испитани. Комисијата заклучила дека опсегот и природата на контролата која била применета од страна на судовите не го задоволила барањето на членот 5 § 4 од Конвенцијата.
Комисијата понатаму утврдила дека постапката пред Врховниот суд не била акузаторна бидејќи била спроведена зад затворена врата по примањето на писмените забелешки на обвинителството, на кои жалителот не можел да одговори. Комисијата утврдила дека е неопходно во такви околности да испита дали жалбите биле разгледани брзо.
Б. Оценка на Судот
1. Опсегот на жалбата согласно членот 5 § 4 од Конвенцијата
93. Судот е единствено надлежен да ги испита постапките пред Регионалниот и Врховниот суд кои започнале со барањата на жалителот за ослободување од 27 март и 15 октомври 1996 г. и завршиле до конечните одлуки на Врховниот суд од 18 мај и 4 декември 1996 г. Жалбите во однос на претходните постапки биле прогласени за недопуштени од страна на Комисијата (види ја одлуката на Комисијата по допуштеноста од 20 октомври 1997 г.).
2. Опсегот и природата на судската контрола на законитоста
94. Судот потсетува дека уапсени и притворени лица имаат право на ревизија во однос на процедуралните и материјалните услови кои се суштински за „законитоста“, во смисла на Конвенцијата, на нивното лишување од слобода. Ова значи дека надлежниот суд мора да го испита не само придржувањето на процедуралните барања утврдени во [домашното право] туку исто така разумноста на сомнежот врз основа на кој било спроведено апсењето и легитимноста на целта од која се воделе при апсењето и изрекувањето на притвор (види Brogan and Others v. the United Kingdom judgment of 29 November 1988, Series A no. 145-B, pp. 34-35, § 65, и Grauslys v. Lithuania, no. 36743/97, §§ 51-55, 10 October 2000, нема извештај).
Иако членот 5 § 3 од Конвенцијата не наметнува обврска врз судијата кој ја разгледува жалбата против притворот да се осврне на секој аргумент содржан во поднесоците на жалителот, неговите гаранции би биле лишени од нивната суштина доколку судијата, потпирајќи се на домашното право и пракса може да ги третира за нерелевантни или да ги отфрли конкретните факти на кои се повикува притвореникот и може да фрли сомнеж на постоењето на услови неопходни за „законитост“ на лишувањето од слобода во духот на Конвенцијата (види во пресудата во случајот на Николова, цитиран горе, § 61).
95. Судот забележува дека во случајот на жалителот како и во случајот на Николова против Бугарија, судовите кои ги разгледале неговите жалби против притворот одбиле да ги земат во предвид неговите аргументи во врска со постоењето на разумен сомнеж против него и докази кои тој ги поднел како поткрепа.
Судиите сметале дека доколку тие коментирале по овие прашања тие однапред би ја оценувале основаноста на кривичниот случај и на тој начин ќе станеле пристрасни. Таквиот пристап применет во праксата на Врховниот суд и потврден во поднесоците на Владата бил постојано следен во пракса (види во параграфите 43, 44, 47, 49, 55 и 90 горе).
96. Судот повторува дека тужената држава е должна да ги обмисли процедуралните средства на најсоодветен начин во однос на ова и на тој начин да обезбеди уживање на сите права од Конвенцијата, вклучително и правото согласно членот 5 § 4 од Конвенцијата за судска контрола на сите аспекти на законитоста на притворот. Како што е илустрирано од пресудите на Судот, во низа случаи согласно членот 6 § 1 од Конвенцијата постојат разни можни процедурални решенија каде барањето за објективна непристрасност нема да биде прекршено во слична ситуација (види ги следниве пресуди: Sainte-Marie v. France of 16 December 1992, Series A no. 253‑A; Saraiva de Carvalho v. Portugal of 22 April 1994, Series A no. 286-B; Fey v. Austria of 24 February 1993 Series A no. 255-A; Nortier v. the Netherlands of 24 August 1993 Series A no. 267; и Padovani v. Italy of 26 February 1993, Series A no. 257-B).
97. Бугарското законодавство избрало во Законот за судска постапка да му ги довери одлуките во врска со притворот на обвинетиот на истиот судечки судија кој ќе ја испитува основаноста на кривичниот случај.
Без разлика, самиот факт дека еден судечки судија донел одлуки за притворот не може да се смета дека само по себе го оправдува стравот дека тој е непристрасен. Нормално прашањата на кои судијата мора да одговори кога одлучува за притвор не се исти како оние кои се одлучувачки за неговата конечна пресуда. Кога се носи одлука за притвор и други одлуки од овој вид пред судењето судијата веднаш ги проценува достапните податоци за да утврди дали обвинителството има prima facie основи за својот сомнеж; кога ја дава пресудата при завршувањето на судењето тој мора да процени дали доказите кои биле обезбедени и дебатирани во судницата се доволни за да се прогласи обвинетиот за виновен. Сомнежот и формалната одлука за вината не смеат да се третираат како исти (види, меѓу другите извори, Lutz v. Germany judgment of 25 August 1987, Series A no. 123-A, pp. 25-26, § 62). Само посебни околности можат во даден случај да бидат такви за да дозволат различен заклучок (види Hauschildt v. Denmark judgment of 24 May 1989, Series A no. 154).
98. На тој начин Судот одлучува дека заложбата на властите да обезбедат делотворна заштита за принципот на непристрасност не може да го оправда ограничувањето наметнато врз правото на жалителот согласно членот 5 § 4 од Конвенцијата.
99. Понатаму, како и во случајот на Николова, заради префрлањето на товарот на докажување согласно членот 152 од Законот за кривична постапка, судовите отфрлиле одредени аргументи на жалителот во врска со наводната опасност од бегство, заговарање и извршување на кривични дела како нерелевантни (види во параграфите 43-47, 49 и 53 горе).
100. Сумирано, домашното право не обезбедило судска контрола врз притворот на жалителот во опсегот што се бара во членот 5 § 4 од Конвенцијата.
3. Гаранциите на акузаторната постапка
101. Жалбата на жалителот согласно овој наслов се однесува само на постапката пред Врховниот суд. Неспорно е дека Регионалниот суд на Пловдив обезбедил соодветни гаранции на акузаторната постапка.
102. Судот забележува дека Врховниот суд ги испитал жалбите на жалителот против притворот зад затворени врати откако ги добил забелешките на обвинителот кој барал отфрлање на жалбите. За забелешките не бил известен жалителот и не му била дадена можност да одговори на истите (види во параграфите 49 и 52 горе).
103. Судот потсетува дека членот 5 § 4 не ги обврзува земјите договорнички да постават второ ниво на јуриздикција за разгледување на барањата за ослободување од притвор. Сепак, една држава која применува таков систем мора начелно да им ги обезбеди на притворениците истите гаранции по жалба како и во првиот степен (види Toth v. Austria judgment of 12 December 1991, Series A no. 224, p. 23, § 84).
Еден суд кој разгледува жалба против притворот мора да обезбеди гаранции за судската постапка. Оттука постапката мора да биде акузаторна и мора соодветно да обезбеди „еднаквост на оружјето“ меѓу страните, обвинителот и притвореното лице (види во следниве пресуди: Winterwerp v. the Netherlands of 24 October 1979, Series A no. 33, p. 24, § 60; Sanchez‑Reisse v. Switzerland of 21 October 1986, Series A no. 107; Kampanis v. Greece of 13 July 1995, Series A no. 318-B; Николова, цитиран горе, § 63; и Trzaska v. Poland, no. 25792/94, § 78, 11 July 2000, нема извештај).
104. Во овој случај очигледно е дека странките во постапката пред Врховниот суд не биле на исто рамниште. Што се однесува до домашното право и утврдената пракса – сè уште на сила – обвинителството имало привилегија да им се обрати на судиите со аргументи за кои не бил известен жалителот. Затоа постапката не била акузаторна.
4. Заклучок на Судот
105. Судот заклучува дека судското разгледување на притворот на жалителот не ги исполнило барањата на членот 5 § 4 од Конвенцијата што се однесува до неговиот опсег и – во постапката пред Врховниот суд – не обезбедило процедурални гаранции за еднаквост на оружјето. Затоа има повреда на таа одредба.
106. Во контекст на ваквиот наод Судот, како и Комисијата, не смета дека е неопходно да испитува дали таквото неисправно судско разгледување било обезбедено брзо или не (види во пресудата во случајот Николова, loc. cit., § 65).
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 6 § 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
107. Жалителот тврдеше согласно таа одредба дека кривичните постапки против него биле неразумно долги.
Членот 6 § 1 од Конвенцијата што се однесува до релевантноста го уредува следново:
„При утврдувањето на ... некое кривично обвинение против него, секој има право на ... расправа во разумен рок од ... судски орган...“
108. Жалителот се изјасни дека меѓу октомври 1998 г. и март 1999 г. се случиле неприфатливи одлагања, дури и после извештајот на Комисијата.
109. Владата упати на нивните аргументи во однос на времетраењето на притворот на жалителот и додаде дека молбата на жалителот за разгледување (касација) била поднесена со задоцнување.
110. Нотирајќи го времетраењето на кривичната постапка според последните информации достапни во времето кога го усвоила својот извештај и осврнувањето на сите други релевантни фактори, Комисијата го изразила мислењето дека имало повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата.
111. Судот забележува дека кривичната постапка против жалителот траела најмалку пет години и пет и половина месеци. Останува прашањето дали периодот што треба да се испита започнал на 10 септември 1993 г., 4 октомври 1993 г. или на друг датум во 1993 г. (види во параграф 9 горе).
Судот се согласува со Владата дека случајот бил релативно сложен. Се занимавал со неколку со-обвинети кои на измамнички начин се стекнале со поврат на акциза преку лажни царински декларации (види во параграфите 9 и 72 горе). Тој минал низ прелиминарна истражна фаза и потоа бил разгледан од првостепен, апелационен и касациски суд.
112. Судот понатаму забележува дека прелиминарната истражна постапка била спроведена брзо (види во параграфите 9-11 горе). Тој го прифаќа владиното изјаснување дека некои од одлагањата евидентно не биле по вина на властите (види во параграф 19 горе) и дека некои од одлагањата биле неопходни за да се обезбедат доказите (види во параграфите 12 и 16 горе). Друг проблем бил непојавувањето на сведоци кои соодветно биле поканети. Регионалниот суд во неколку прилики презел специјални мерки за да избегне дополнителни одлагања преку наметнување на парични казни за сведоците кои не се појавиле без добра причина или барал полициска помош за да обезбеди нивно присуство (види во параграфите 15, 28 и 31 горе).
113. Судот меѓутоа забележува дека испитувањето на случајот од страна на Регионалниот суд било одложено во бројни прилики.
Тој суд бил одговорен за одредени одлагања со тоа што не успеал да ги најави во судница датумите за расправите (види во параграф 23 горе) и – во еден случај – со тоа што пропуштил да повика сведоци како резултат на грешка на службеник (види во параграф 30 горе).
Уште поважно имало долги интервали меѓу расправите во мај и октомври 1994 г., ноември 1994 г. и 19 април 1995 г. (датумот кога случајот требал да продолжи) и меѓу датумите на кои биле закажани други две последователни расправи, 21 септември 1995 г. и 12 јануари 1996 г. Само дел од времето кое поминало така било искористено за подготовка на вештачења и други процедурални чекори (види во параграфот 14 in fine и 19).
114. Затоа Судот се согласува со Комисијата дека Регионалниот суд на Пловдив дозволил долги интервали без доволна причина. Точно е дека после март 1996 г. тој усвоил поактивен пристап (види во параграфите 23-29 горе). Меѓутоа во тоа време веќе биле акумулирани непотребни доцнења.
115. Друга причина за доцнењата биле префрлањата на досието на случајот до Врховниот суд во Софија заради разгледување на жалбите против притворот. Секој пат досието на случајот не му било достапно на судечкиот суд во просек месец дена, со еден исклучок на крајот од 1996 г. (види во параграф 13, 14, 17, 20, 25 и 28 горе). Иако разгледувањето на тие жалби неопходно одземало време, националните власти биле тие кои требале да ги организираат постапките на поекономичен начин и да ги скратат доцнењата.
116. Судот понатаму забележува дека здравствената состојба на судијата претседавач и на судиите поротници предизвикале значителни одлагања. Заради тоа неопходно било да се одложат расправите закажани за 19 април 1995 г., 9 јуни 1995 г. и 12 јануари 1996 г. и, конечно судењето морало да се започне одново (види во параграфите 18, 21, 22 и 26 горе). Како резултат на тоа времето меѓу почетокот на судењето и јануари 1996 г. – една година и десет месеци – било изгубено.
Судот не може да го прифати изјаснувањето на Владата дека тие одлагања биле во целост неизбежни. Назначувањето на еден заменски судија можело да спречи барем едно одлагање. Понатаму, фактот дека домашното законодавство, според толкувањето на Владата во нивните поднесоци, дозволувало учество само на еден резервен судија не ги ослободува националните власти од нивната одговорност согласно Конвенцијата. Тие имале обврска да обезбедат уживање во правото согласно членот 6 § 1 од Конвенцијата преку законодавството или други мерки.
117. Во жалбената фаза од постапката поминале седум месеци од поднесувањето на жалбата на жалителот против пресудата и изрекувањето на казната во февруари 1997 г. и закажувањето на расправа за септември 1997 г. Друго оддолжување, предизвикано од одлагањето на таа расправа до јануари 1998 г., може да му се препише на обвинителот, кој не се повлекол на време за да дозволи назначување на негова замена (види во параграф 34 горе).
Жалителот бил одговорен за одлагањето на расправата од 10 јуни 1998 г. пред Судот за касација. Меѓутоа таа расправа не продолжила уште наредните шест месеци (декември 1998 г.) без да се дадат никакви индикации за тоа зошто не можел да се одреди поскор датум (види во параграфите 37 и 38 горе).
118. Земајќи ги во предвид критериумите утврдени во неговата судска пракса и во контекст на горенаведените наоди Судот одлучи дека кривичниот случај против жалителот не бил разгледан во „разумен рок“ во рамките на значењето на членот 6 § 1 од Конвенцијата.
Затоа има повреда на таа одредба.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
119. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Штета
120. Жалителот побаруваше 142.999 француски франци („ФРФ“) за нематеријална штета.
121. Владата изјави дека во духот на членот 362 од Законот за кривична постапка жалителот би имал право да побара повторно отворање на неговиот кривичен случај доколку Судот утврди повреда на Конвенцијата. Затоа тој не ги исцрпил сите домашни правни лекови.
Според гледиштето на Владата, доколку се утврди повреда тоа би било доволно, особено со оглед на фактот дека жалителот допринел за одлагањата во кривичната постапка.
Од друга страна побарувањето на жалителот било претерано, и износ од 5.500 ФРФ биле доволни. Судот требал да ја земе во предвид економската состојба во Бугарија и да го искористи износот на минималната месечна плата во секоја земја како основа на своите пресметки. Секој друг пристап би охрабрил злоупотреба на стразбурската машинерија и би поттикнал негативно јавно мислење за Судот. Владата нагласи дека почнувајќи од 1 јануари 2000 г. важна реформа на Законот за кривична постапка го усогласила истиот со Конвенцијата.
122. Жалителот го опиша предлогот на Владата дека тој треба да побара повторно покренување на кривичната постапка како фриволна. Не било законски можно во дадените околности и во секој случај неповрзано со прашањето на правичен надоместок за времето што го минал во притвор и времетраењето на кривичната постапка против него.
Жалителот понатаму реагираше на опширните објаснувања на Владата за економската состојба во Бугарија и наводната опасност од злоупотреба на стразбурскиот систем. Тој ја критикуваше Владата за тоа дека направила малку за подобрувањето на домашното право и пракса, и сугерираше дека тие треба да работат на заштитата на човековите права во земјата наместо да се обидуваат да ги намалат последиците затоа што не го сториле тоа преку апели за разбирање за економската ситуација.
Жалителот ги отфрли тврдењата на Владата за економските критериуми за доделување на правичен надоместок и предложи друг пристап. Тој упати на неодамнешните измени на Казнениот законик, со што клеветата на државен функционер се казнувала со парична казна со 15.000 нови бугарски левови (БГН) (50.588 ФРФ). Квалитетите што сакале да се заштитат со тоа што клеветата станала кривично дело биле честа и достоинството на лицето. Законодавството на тој начин сметало дека навреда на честа и достоинството на еден државен функционер оправдувала исплата од повеќе од 50.000 ФРФ и покрај економската ситуација во земјата. Прекршувањето на правото на слобода на жалителот, основно човеково право, требало да се процени пропорционално на „цената“ што Владата ја ставила за вознемирување на животите на државните функционери.
123. Што се однесува до приговорот на Владата во однос на членот 362 од Законот за кривична постапка, Судот повторува дека членот 41 од Конвенцијата не бара жалителите да ги исцрпат домашните правни лекови по втор пат за да се стекнат со правичен надоместок доколку веќе тоа го сториле залудно во однос на суштински жалби. Формулацијата на одредбата – кога упатува на можноста од надоместок согласно домашното право – утврдува правило за основаност на прашањето на правичен надоместок (види De Wilde, Ooms and Versyp v. Belgium judgment (правичен надоместок) of 10 March 1972, Series A no. 14, § 16).
Во врска со ова Судот утврди дека Владата не успеала да објасни како повторното отворање на кривичната постапка – доколку воопшто е возможна – би обезбедила restitutio in integrum за повредите на Конвенцијата утврдени во овој случај.
124. Земајќи ја во предвид својата судска пракса (види Lukanov v. Bulgaria judgment of 10 March 1997, Reports 1997-II, § 56; Assenov and Others v. Bulgaria judgment of 28 October 1998; Reports 1998-VIII, §§ 176-178; Nikolova v. Bulgaria [GC], no. 31195/96, § 79, ECHR 1999-II; Ječius v. Lithuania, loc. cit., § 109; Punzelt v. the Czech Republic, no. 31315/96, 25 April 2000, не е во извештај; Grauslys v. Lithuania, loc. cit.; Musial v. Poland, 24557/94, ECHR 1999-II; Sabeur Ben Ali v. Malta, no. 35892/97; и Varbanov v. Bulgaria, no. 31365/98, § 67, ECHR 2000‑X) и одлучувајќи по правична основа, Судот доделува вкупна сума од 6.000 БГН за нематеријална штета во однос на повредите на Конвенцијата утврдени во овој случај.
Б. Трошоци и издатоци
125. Жалителот побаруваше 8.735 американски долари (УСД) за 215 работни часови на случајот пред Комисијата и Судот и 1.229,50 УСД за преведувачки и патни трошоци и поштарина. Вкупниот побаруван износ е еднаков на грубо 21.600 БГН.
126. Владата понуди детална анализа на доказите поднесени од жалителот во поткрепа на своите побарувања и сметаше дека бројот на наплатени часови бил претеран и изјави дека не сите потврди за поштарина јасно покажувале дека се за писма поврзани со овој случај, две од нив всушност и упатуваат на друг случај. Исто така не треба да се рефундираат средствата за писма испратени до Интерајтс (Interights) во Лондон, со оглед дека жалителот не го инструирал својот адвокат да контактира странски консултанти.
Што се однесува до хонорарите, Владата тврдеше дека адвокатот ги прекршил етичките и правни услови со тоа што на клиентот му наплаќал по 40 и 50 УСД на час, со оглед дека согласно Законот за адвокатура адвокатите требале да поседуваат високи морални квалитети и требале да им обезбедат бесплатна правна помош на сиромашните. Исто така, хонорарите не требало да се исплатат во отсуство на доказ дека жалителот не само што се согласил да му плати на својот адвокат туку всушност и го сторил тоа.
Врз основа на сето ова Владата изјави дека претставникот на жалителот дејствувал злонамерно и ја злоупотребил постапката пред Судот за лично збогатување.
127. Адвокатот на жалителот протестираше против личните напади содржани во изјаснувањето на Владата. Тој се извини што по грешка вметнал две потврди кои се однесувале на друг случај и потврди дека сите други трошоци што ги побарувале реално и неопходно настанале. Тој го бранеше својот тарифник како разумен и упати на износот доделен во случајот Николова ((loc. cit.), кој по негово мислење бил помалку сложен.
128. Судот забележува дека треба да се примени намалување на сметка на фактот дека некои од жалбите на жалителот пред Комисијата биле прогласени за недопуштени (види во параграфите 3 и 4 горе).
Тој ги отфрла обвинувањата на Владата што се однесува до наводното неетичко однесување на адвокатот на жалителот.
Земајќи ја во предвид својата судска пракса и одлучувајќи на правична основа, тој доделува 10.000 БГН за трошоци и издатоци пред Комисијата и Судот.
В. Казнена камата
129. Според информациите достапни на Судот, законската каматна стапка што се применува во Бугарија на денот на усвојување на оваа пресуда е 14,5% годишно.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучи едногласно дека имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата;
2. Одлучи едногласно дека имало повреда на членот 5 § 4 од Конвенцијата;
3. Одлучи со шест гласа наспроти еден дека имало повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата;
4. Одлучи едногласно
(а) дека тужената држава треба да му ги исплати на жалителот, во рок од три месеци, следниве износи;
(i) 6.000 (шест илјади) бугарски левови за нематеријална штета;
(ii) 10.000 (десет илјади) бугарски левови за трошоци и издатоци;
(б) дека проста камата со годишна стапка од 14,5% ќе се плаќа по истекот на гореспоменатите три месеци до исплатата;
5. Едногласно ги отфрла останатите побарувања на жалителот за правичен надоместок.
Изготвенa на англиски јазик, и објавенa на писмено на 26 јули 2001 година, согласно Правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Винсент БергерАнтонио Пастор Ридруехо
Секретар Претседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, мислењето на делумно несогласување на г-ѓата Вујиќ е приложено на оваа пресуда.
В.Б.
А.П.Р.
Издвоените мислења не се преведени но можат да се најдат на англиски и/или француски јазик во верзијата (верзиите) на официјалниот јазик кои можат да се консултираат во ХУДОЦ базата на податоци за судската пракса на Судот.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (www.coe.int/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права (http://hudoc.echr.coe.int) или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@echr.coe.int.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights (http://hudoc.echr.coe.int) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@echr.coe.int.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (http://hudoc.echr.coe.int), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@echr.coe.int
[1]1. Забелешка на секретарот. Протоколот 11 стапи на сила на 1 ноември 1998 г.
Full & Egal Universal Law Academy