© This translation was done by the Academy for Judges and Public Prosecutors of the Republic of Macedonia: http://www.jpacademy.gov.mk/Default.aspx?page=29. Permission to re-publish this translation has been granted for the sole purpose of its inclusion in the Court’s database HUDOC.
© Овој превод е изготвен при “Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија”: http://www.jpacademy.gov.mk/Default.aspx?page=29. Судот доби дозвола повторно да го објави овој превод единствено за да го вклучи во својата база на податоци: HUDOC.
СОВЕТ НА ЕВРОПА
ЕВРОПСКИ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА
ПРЕДМЕТ: LOIZIDOU против ТУРЦИЈА
(Член 50)
(40/1993/435/514)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
28 јули 1998 година
Оваа пресуда може да подлежи на редакциски измени се до моментот на нејзиното умножување во конечна верзија во Извештаите за пресуди и одлуки, 1998 година. Овие Извештаи се достапни кај издавачот Carl Heymanns Verlag KG (Luxemburger Straße 449, D - 50.939, Келн), кој, исто така, е должен да организира нивна дистрибуција, во соработка со агентите за одредени земји, во согласност со она што е наведено на другата страна.
Листа на агенти
Белгија: Еtablissements Еmile Bruylant (rue de la Regence 67, B-1000 Bruxelles)
Луксембург: Librairie Promoculture (14, rue Duchscher (плоштад Париз), B.P. 1142, L-1011 Луксембург)
Pays-Bas/ Холандија: B.V. Juridische Boekhandel & Antiquariaat
А Jongbloed & Zoon (Noordeinde 39 NL-2514 GC Lye / ‘s-Gravenhage)
РЕЗИМЕ[1]
Пресуда изречена од страна на Големиот судски совет
Турција - барање за правичен надомест на штета во однос на заклучокот на Судот, во основната пресуда, за повреда на член 1 од Протоколот бр. 1 на Конвенцијата
I. ПРАВО НА ПРАВИЧЕН НАДОМЕСТ НА ШТЕТА
Заклучокот на Судот во основната пресуда дека одбивањето да се даде пристап на жалителот до сопствениот имот во северен Кипар и се припишува на Турција, е прашање за кое веќе е донесена пресуда (res judicata) - жалителот има право на надомест.
Заклучок: барањето на тужената држава е отфрлено (петнаесет гласови наспроти два).
II. МАТЕРИЈАЛНА ШТЕТА
Имајќи ја во предвид неизвесноста својствена во врска со проценката на економските загуби предизвикани од одбивањето на пристап до имотот, се доделува одредена сума на правична основа.
Заклучок: обвинетата држава треба да му ја исплати утврдената сума на жалителот (четиринаесет гласови наспроти три).
III. НЕМАТЕРИЈАЛНА ШТЕТА
Се доделува надомест заради претрпена болка, немоќ и фрустрација од страна на жалителот.
Заклучок: тужената држава треба да му ја исплати утврдената сума на жалителот (петнаесет гласови наспроти два).
IV. ТРОШОЦИ И ИЗДАТОЦИ НАПРАВЕНИ ОД СТРАНА НА ЖАЛИТЕЛОТ
Надоместени во целост.
Заклучок: тужената држава треба да му ја исплати утврдената сума на жалителот (тринаесет гласови наспроти четири).
V. ТРОШОЦИ И ИЗДАТОЦИ НАПРАВЕНИ ОД СТРАНА НА КИПАРСКАТА ВЛАДА
Во основа, не е својствено државите кои ги застапуваат интересите на Конвенцијата да добијат надомест за направените трошоци и издатоци.
Заклучок: барањата на кипарската влада се отфрлени (едногласно).
СУДСКАТА ПРАКСА НА СУДОТ УПАТУВА НА
23.03.1995 година, Loizidou против Турција (прелиминарни приговори);
18.12.1996 година, Loizidou против Турција (основаност на случајот)
Во случајот Loizidou против Турција[2],
Европскиот суд за човекови права, заседавајќи, во согласност со правилото 51 од Деловникот А[3] на Судот, како Голем судски совет, составен од следниве судии:
г. R. BERNHARDT, Претседател,
г. F. GÖLCÜKLÜ,
г. L.-E. PETTITI,
г. А. SPIELMANN,
г. S. K. MARTENS,
г-ѓа E. PALM,
г. R. PEKKANEN,
г. A .N. LOIZOU,
г. М. MORENILLA,
Сер John FREELAND,
г. A. B. BAKA,
г. М. А. LOPES ROCHA,
г. L. WILDHABER,
г. G. MIFSUD BONNICI,
г. Ј. MAKARCZYK,
г. P. JAMBREK,
г. U. LŌHMUS,
како и г. H. PETZOLD, Секретар, и г. P. J. MAHONEY, Заменик-секретар,
Расправајќи на затворени седници на 29 ноември 1997 година и на 25 јуни 1998 година,
Ја донесе следнава пресуда во врска со 50 член, која беше усвоена на последно наведениот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше поднесен до Судот од страна на Владата на Република Кипар („кипарската влада“) на 9 ноември 1993 година, во рамките на тримесечниот период утврден во член 32 § 1 и член 47 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“). Случајот беше инициран со жалбата (бр. 15318/89) против Република Турција („турската влада“), поднесена до Европската комисија за човекови права („Комисијата“) врз основа на член 25, од страна на кипарскиот државјанин, г-ѓа Titina Loizidou, на 22 јули 1989 година.
2. Во својата пресуда од 23 март 1995 година, Судот ги отфрли различните прелиминарни приговори покренати од страна на турската влада, но реши прелиминарниот приговор ratione temporis да го разгледа во врска со основаноста на жалбата (Серија А, бр. 310).
Во својата пресуда во однос на основаноста на случајот од 18 декември 1996 година („основната пресуда“), Судот го отфрли приговорот ratione temporis и утврди дека континуираното одбивање на пристап на жалителот до сопствениот имотот во северен Кипар, како и последователната загуба на целосна контрола врз имотот, се прашања кои спаѓаат во рамките на „правната надлежност“ на Турција, во рамките на значењето на член 1 од Конвенцијата, и, на тој начин, и се припишуваат на Турција. Судот, исто така утврди дека имало повреда на член 1 од Протоколот бр. 1 поради тоа што жалителот ефикасно ја загубил целосната контрола над својот имот, како и сите можности за негова употреба и уживање. Сепак, Судот смета дека немало мешање во правото на жалителот на почитување на нејзиниот дом, во согласност со член 8 од Конвенцијата (Извештаи за пресуди и одлуки, 1996-VI, стр. 2227-38, § § 31-66, и точките од 1 до 4 од оперативните одредби).
3. Поради тоа што прашањето за примената на член 50 не беше подготвено за одлучување по него, истото беше резервирано во основната пресуда. Судот ги повика турската влада и жалителот да достават, во рок од шест месеци, нивни писмени забелешки во врска со ова прашање, и, особено, да го известат Судот доколку успеат да постигнат каков било договор (ibid., стр. 2238-39, § § 67-69, и точка 5 од оперативните одредби).
4. Откако не бил постигнат никаков договор, жалителот и турската влада ги поднесоа своите белешки на 23 и 24 јуни 1997 година. Извештај кој вклучува проценка на вредноста на имотот, во кој се утврдува основата за пресметување на загубата која ја претрпел жалителот, беше приложен кон белешката поднесена од страна на жалителот. Коментарите на делегатот на Комисијата беа доставени како одговор на поднесените белешки на 28 јули 1997 година.
5. Во своите белешки, турската влада ја оспори одлуката на Судот дека мешањето во правата на сопственост на жалителот и се припишува на Турција и се произнесе дека, имајќи ги предвид политичките и правните компликации кои можат да произлезат доколку се продолжи да се постапува со овој случај, Судот треба да го одложи понатамошното разгледување на случајот, се додека не се постигне политичко решение за кипарското прашање.
6. На 30 август 1997 година, Судот го одби барањето на турската влада за одложување на постапката во врска со член 50 на неопределено време и ги повика жалителот, турската влада, кипарската влада и делегатот на Комисијата да достават дополнителни коментари во врска со член 50 кои тие би сакале да ги предочат, најдоцна до 31 октомври 1997 година. Исто така, беше одлучено да се одржи расправа во врска со ова прашање.
7. Согледувањата на кипарската влада беа доставени до Судот на 3 ноември 1997 година, а оние на жалителот и на турската влада на 4 ноември 1997 година. Делегатот посочи дека тој ќе се осврне на прашањата во текот на јавната расправа.
8. Во согласност со одлуката на Претседателот, јавната расправа се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 27 ноември 1997 година. Судот, претходно, одржа подготвителен состанок.
Пред Судот се појавија:
(a) за Владата на Турција
г. R. TÜRMEN, Амбасадор, Постојан претставник
на Турција во Советот на Европа, Агент,
г. M. ÖZMEN, Советник за правни работи,
Министерство за надворешни работи,
г-ѓа D. AKCAY, Заменик на постојаниот претставник
на Турција во Советот на Европа, Ко-агенти,
г. H. GOLSONG, Советник,
г. Z. NECATIGIL, Правeн советник,
г. N. AKINCI, Заменик-генерален директор,
Министерство за надворешни работи,
г. H. GÜVEN, Заменик-генерален директор,
Министерство за надворешни работи, Адвокат;
(б) за Владата на Кипар
г. А. MARKIDES, Правобранител, Агент,
г. М. SHAW, Адвокат,
г. P. POLYVIOU, Адвокат,
г-ѓа Т. POLYCHRONIDOU, Советник на Република А’,
г-ѓа S. M. JOANNIDES, Советник на Република A’, Адвокати,
г-ѓа C. PALLEY, Консултант на Правобранителот, Советник;
(в) за Комисијата
г. S. TRECHSEL, Делегат;
(г) за жалителот
г. А. DEMETRIADES, Адвокат,
г. I. BROWNLIE, CBE, Специјален советник
на Кралицата од Обединетото Кралство,
г-ѓа Ј. LOIZIDOU, Адвокат, Адвокат.
Судот ги сослуша обраќањата на г. Trechsel, г. Demetriades, г. Brownlie, г. Markides, г. Shaw, г. Türmen, г. Necatigil и г. Golsong.
9. На 12 декември 1997 година, жалителот ги поднесе своите ревидирани барања во однос на трошоците и издатоците за постапките во врска со член 50, а во однос на расправата што беше претходно одржана.
10. Подоцна, г. R. Bernhardt, кој во тоа време беше потпретседател на Судот, го замени г. R. Ryssdal како вршител на должност Претседател на Големиот судски совет, по смртта на г. Ryssdal на 18 февруари 1998 година (правило 21 § 6 и правило 51 § 6 од Деловникот А на Судот).
11. На 25 февруари 1998 година, вршителот на должност Претседател, во присуство на Секретарот, го извлече, по пат на ждрепка, името на сер John Freeland, во согласност со член 54 § 2, со цел да се пополни испразнетото место во Големиот судски совет.
По смртта на г. B. Walsh, г. Ј. Makarczyk беше избран на истиот начин, на 31 март 1998 година.
ВО ОДНОС НА ФАКТИТЕ
ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
12. Жалителот, кипарски државјанин, израснала во Киренија, во северен Кипар. Во 1972 година, таа се омажила и се преселила, со својот сопруг, во Никозија.
13. Таа е сопственик на парцелите со број 4609, 4610, 4618, 4619, 4748, 4884, 5002, 5004, 5386 и 5390 во Киренија. Пред турската окупација на северниот дел на Кипар на 20 јули 1974 година, била започната градежна работа на парцелата со број 5390 за изградба на една станбена зграда, при што еден од становите во таа зграда бил наменет како живеалиште за нејзиното семејство. Жалителот склучил договор во врска со нејзиниот имот со инвеститорот за размена на нејзиниот удел од земјиштето за еден стан од 100 метри квадратни. Нејзината сопственост врз имотот е потврдена со сертификат за регистрација издаден од страна на кипарскиот катастар за земјиште и премер, во моментот на стекнување на тој имот.
14. Од 1974 година, жалителот е спречен да добие пристап до сопствениот имот во северен Кипар и „мирно да ужива“ во истиот, како резултат на присуството на турските сили во тој дел.
15. На 19 март 1989 година, жалителот била учесник во маршот организиран од страна на една група жени (движење „Жените одат дома“) во селото Лумбија, во близина на турското село Акинчилар, во окупираната област на северен Кипар. Целта на маршот била да им се врати правото на кипарските Грци - бегалци да се вратат назад во своите домови.
Водејќи група од педесетина демонстранти, таа се приближила до еден рид на патот кон Црквата на Светиот Крст во турскиот окупиран дел на Кипар, поминувајќи покрај стражарница на Обединетите нации. Кога групата демонстранти стигнала пред црковниот двор, тие биле опколени од турски војници и биле спречени да се движат понатаму. Таа била задржана од страна на полицијата на кипарските Турци во период од десет часа, а потоа била ослободена.
ЗАВРШНИ ПОДНЕСОЦИ ДО СУДOT
16. Жалителот се произнесе дека има право на правичен надомест на штета врз основа на континуираното прекршување на нејзините права на сопственост, за што Турција била одговорна.
17. Кипарската влада го одобри барањето на жалителот и се произнесе дека направените трошоци и издатоци во однос на оваа постапка, исто така, треба да и бидат надоместени.
18. Турската влада побара Судот да ги отфрли барањата на жалителот за материјален надомест на штета, сметајќи дека трошоците не биле „неопходни“ во согласност со условите предвидени во член 50. Покрај тоа, овие барања не треба да се разгледуваат врз основа на условот во член 50, односно, дека „одлуката“ или „мерката“ мора да биде таква како за „Висока договорна страна“.
ВО ОДНОС НА ПРАВОТО
19. Член 50 гласи:
„Кога Судот ќе утврди дека одлуката или мерката преземена од страна на судскиот орган или било кој друг орган на Високата договорна страна е целосно или делумно во судир со обврските кои произлегуваат од оваа Конвенција, и доколку внатрешното право на засегнатата страна овозможува само делумна репарација на штетата на последиците од оваа одлука или мерка, со одлуката на Судот, доколку е потребно, ќе се додели правичен надомест на оштетената страна.“
20. Жалителот и кипарската влада се произнесоа дека треба да се додели надомест на штета во овој конкретен случај врз основа на тоа што Судот утврдил повреда на правата на сопственост на жалителот. Во текот на јавната расправа пред Судот, жалителот го повлече барањето кое беше поднесено во нејзината белешка за повторно уживање на нејзините права.
Турската влада, од друга страна пак, се произнесе дека жалителот нема право на правичен надомест на штета.
I. ПРАВО НА ПРАВИЧЕН НАДОМЕСТ НА ШТЕТА
21. Во поднесокот на турската влада, владата изјави дека не може да се смета дека е одговорна, според меѓународното право, за постапките на „Турската Република Северен Кипар“. Нема правна основа за да се смета дека Турција е одговорна, во согласност со она што е јасно утврдено во меѓународното право, дека првиот услов кој мора да биде исполнет за државата да сноси одговорност е незаконската постапка или однесување да и се припише на државата во чие име сторителот на незаконската постапка или однесување дејствувал.
Треба да се земе предвид фактот дека Комисијата прифатила, дури и во случаи во кои наводната незаконска постапка е директна последица на активностите на националните власти, дека националните власти не можат да сносат одговорност кога правната надлежност во соодветната област е пренесена на некоја меѓународна организација (види М. & Со. против Германија, Одлуки и извештаи 64, стр. 138).
Сите овластувања кои Турција ги има во Кипар произлегуваат од Спогодбите од Цирих и Лондон од 1959 година и договорите потпишани во 1960 година, кои и понатаму остануваат во сила. Подоцнежните договори или текстови (како на пример, Женевската декларација од 30 август 1974 година, договорот со „десет точки“ од 1979 година или Сетот идеи од 1992 година) не предвидуваат нова одговорност за Турција. Активноста за која е поднесена жалба, или, со други зборови, наводната незаконска постапка, мора да резултира директно од активноста која и се припишува на државата, без разлика дали таквата активност е управен акт, акт на воените власти, на законодавната власт или на судството. Не постои ниту еден случај во кој трета држава е одговорна за постапките на некоја друга држава - без разлика дали таа држава е признаена или не - која ја извршува својата ефективна власт преку органи утврдени во согласност со уставот.
Според тоа, би било спротивно на начелата на меѓународното право Турција да се задолжи со надомест на штета .
Покрај тоа, турската влада нагласи дека прашањето за правата на сопственост, како и прашањето за реципрочен надомест на штета, се во самата суштина на конфликтот во Кипар. Овие прашања единствено може да се решат преку преговори и врз основа на веќе договорени начела на постоење на поделена зона и поделено општество. Неизбежно, начелото на поделена зона вклучува размена на имотот на кипарските Турци на југ со имотот на кипарските Грци на север, и, доколку е потребно, исплата на надомест за можните разлики. Според член 50, надоместот би ги поткопал преговорите меѓу двете заедници и би наштетил на напорите за изнаоѓање на решение врз основа на договорените начела и критериуми.
Како заклучок, беше утврдено дека надоместот на штета не е „неопходен“, во согласност со условите предвидени во член 50. Покрај тоа, барањето треба да биде отфрлено врз основа на тоа што оваа одредба бара вклучената „одлука“ или „мерка“ да произлегува од „Висока договорна страна. Врз основа на причините наведени погоре, тоа не може да се примени во овој конкретен случај.
22. Жалителот истакна дека, во основната пресуда на Судот во врска со основаноста на случајот, било утврдено дека има континуирана повреда на член 1 од Протоколот бр. 1, кое и се припишува на Турција. Во согласност со начелото ако има право, има и правен лек (ubi jus иbi рemedium), потребно е да се додели надомест на штета за да се осигура дека жалителот не е оставен без правен лек.
23. Кипарската влада истакна дека постапките во врска со член 50 не претставуваат жалба во однос на пресудите донесени од страна на Судот во врска со прелиминарните приговори и основаноста на случајот. Членот не е отворен за оние кои се појавуваат пред Судот да побараат повторно да се поведе постапка за прашања за кои Судот веќе донел одлука. Член 50 е применлив во овој конкретен случај, поради тоа што не бил даден надомест на штетата од страна на турската влада во однос на повредата на правата на сопственост на жалителот.
24. Делегатот на Комисијата, исто така, тврди дека на жалителот треба да му се додели правичен надомест на штета. Фактот дека политички напори се прават за да се реши „кипарскиот проблем“ не е оправдана причина за да се одбие да се додели надомест на штета.
25. Судот потсети на неговиот заклучок во став 57 од неговата основна пресуда во врска со основаноста на овој конкретен случај „дека континуираното одбивање на пристап на жалителот до сопствениот имотот во северен Кипар, како и последователната загуба на целосна контрола врз имотот, се прашања кои спаѓаат во рамките на „правнанадлежност“ на Турција, во рамките на значењето на член 1 од Конвенцијата и, на тој начин, и се припишуваат на Турција“ (основна пресуда, Извештаи за пресуди и одлуки, 1996-VI, стр. 2236).
Судот, исто така, утврди дека жалителот мора да се смета дека и понатаму останува законски сопственик на земјиштето за целите на член 1 од Протоколот бр. 1, и дека „како последица на фактот дека [на жалителот] му бил одбиен пристап до земјиштето од 1974 година, таа ефикасно ја изгубила целосната контрола над сопствениот имот, како и сите можности за негова употреба и уживање“ (ibid., стр. 2237, § 63). Судот донесе заклучок дека континуираното одбивање на пристап до нејзиниот имот е неоправдано мешање во нејзините права на сопственост и е спротивно на член 1 од Протоколот бр. 1 (ibid., стр 2237-38, § 64).
26. Со оглед на погореизнесеното, Судот смета дека прашањето за одговорност на Турција врз основа на Конвенцијата, а во врска со прашањата за кои е изјавена жалба, се прашања за кои веќе е донесена пресуда (res judicata). Судот смета дека, во согласност со член 50, треба да се додели надомест на штета. Судот не е убеден од аргументот дека на тој начин би се поткопале политичките разговори во врска со кипарскиот проблем повеќе отколку што истиот аргумент би бил повикан во фазата на утврдување на основаноста на случајот во однос на утврдувањето на повредата на член 1 од Протоколот бр. 1 (ibid., стр 2236-38, § § 59 и 64).
Оттука, Судот утврди дека жалителот има право, врз основа на член 50, на правичен надомест на штета преку надомест за повредата на нејзините права на сопственост.
II. МАТЕРИЈАЛНА ШТЕТА
27. Жалителот истакна дека не бара надомест за било каква наводна експропријација на нејзината сопственост. Во насока на тоа што го утврди Судот, дека таа и понатаму останува законски сопственик на имотот, прашањето за експропријација не беше покренато. Нејзиното барање, на тој начин, е ограничено на неможноста да го употребува земјиштето и, како последица на тоа, неможноста да се изгради објект на истото или да се даде под закуп. Во врска со извештајот кој вклучува проценка на вредноста на нејзиниот имот и повратот на средства кој може да се очекува од истиот, таа побарала сума од 621.900 кипарски фунти (CYP) на основ на материјална штета, во однос на периодот од 22 јануари 1990 година, датумот на прифаќање на задолжителната судска надлежност од страна на Турција, па се до крајот на 1997 година (види став 4 погоре).
Методот применет во извештајот за проценка на вредноста на имотот, вклучува пресметка на пазарната цена на имотот во 1974 година и зголемување на таа цена од 12% на годишно ниво за да може да се пресмета вредноста која имотот би ја имал кога северен Кипар не би бил окупиран од страна на турската војска. Беше истакнато дека имотот се наоѓа во областа на Киренија, област која во 1974 година била во процес на интензивен станбен и туристички развој. Окупирањето на имотите им ги одзело правата на сопствениците да го издаваат имотот под закуп и на тој начин довело до значителна загуба на парични средства од кирија.
Побараната сума на основ на материјална штета претставува збирна сума на кирии кои би можеле да се соберат од наемот на земјиштето во периодот 1990 – 1997 година, пресметана како 6% од проценетата пазарна вредност на имотот за секоја од односните години.
28. Кипарската влада го поддржа барањето на жалителот. Во основа, владата тврди дека континуираната незаконска окупација на дел од Република Кипар од страна на Турција не треба да се користи како причина да се намали износот доделен на основ на материјална штета. За да може да се направи тоа, би било потребно да се дозволи престапникот да има корист од неговите незаконски постапки, поради тоа што повредата на Конвенцијата утврдена во овој конкретен случај настанала како последица на незаконската инвазија и окупација на дел од островот од страна на Турција.
29. Турската влада тврди дека барањето за надомест на штета не треба да се разгледува од страна на Судот поради причините наведени погоре (види став 21). Турската влада не достави било какви коментари во врска со износот побаран од страна на жалителот по овој основ.
30. Делегатот на Комисијата се произнесе дека мислењето изнесено во извештајот кој вклучува проценка на вредноста на имотот во врска со можноста за изградба на објект на тоа земјиште, кој бил изготвен во име на жалителот, не дава реална основа за проценка на материјалната штета (види став 4 погоре). Историските настани на Кипар не влијаат само на жалителот, туку и на бројни други луѓе кои се во слична ситуација. Затоа, не можат да бидат отфрлени целосно. Жалителот има право да му биде доделен целосен надомест на штета поради тоа што немал пристап и контрола до сопствениот имот, но не и за намалената вредност на тој имот, што се должи на општата политичка состојба. Според мислењето на Делегатот, сумата од 100.000 кипарски фунти (CYP) би била повеќе од соодветен надомест за штетата.
31. Судот потсети дека, жалителот и понатаму останува законски сопственик на девет парцели и еден стан (види став 13 погоре) и дека повредата на член 1 од Протоколот бр. 1 која ја утврди Судот, е заснована на фактот дека, како последица на тоа што и бил одбиен пристапот до нејзиното земјиште од 1974 година, таа ефикасно ја изгубила целосната контрола како и сите можности за употреба и уживање на сопствениот имот (види основна пресуда цитирана погоре, стр. 2237-38, § § 60-64). Оттука, таа има право на мерка за надомест на штета во однос на загубите директно поврзани со ваквата повреда на нејзините права од денот на прифаќањето на задолжителната правна надлежност на Судот од страна на Турција, имено од 22 јануари 1990 година, па се до денес.
32. Иако турската влада ги ограничи своите поднесоци на оспорување на правото на жалителот на надомест на штета и, на тој начин, не побара да се оспори пристапот кој го користел жалителот во пресметката на нејзината економска загуба, Судот не ги прифати, но не само од оваа причина, и притоа без да се посомнева, проценките обезбедени од страна на жалителот.
33. Во овој контекст, Судот го смета за разумен општиот пристап применет при процената на загубата претрпена од страна на жалителот во однос на годишната наемнина, пресметана како процент од пазарната вредност на имотот, која можела да се заработи за имотот во текот на односниот период.
Сепак, процената на вредноста на имотот од страна на жалителот неизбежно вклучува значителен степен на шпекулација поради непостоење на реални податоци за да се направи споредба, како и поради тоа што не дава доволен надомест за непостојаноста на пазарот на недвижности и неговата изложеност на влијанија, како домашни, така и меѓународни. Методот применет од страна на жалителот за вреднување претпоставува дека цените на недвижностите во областа Киренија постојано би се зголемувале до 12% на годишно ниво во периодот од 1974 до 1997 година и дека жалителот всушност би се обидел или би бил во можност да ги изнајми своите парцели на 6% од оваа зголемена вредност. Дури и со вклучен надомест заради несомнената можност за развој на областа во која се наоѓа нејзиното земјиште, претпоставката дека пазарот на недвижности ќе продолжи да се развива со одржлив развој во период од дваесет и три години, доведува до постоење на сомнение. Судот, следствено, не може да ги прифати овие зголемени проценти како реална основа за пресметување на загубата на жалителот.
34. Земајќи ги предвид горенаведените непредвидени работи, својствени на секој обид да се вреднуваат реалните загуби на жалителот и проценката на правична основа, Судот одлучи да додели сума од 300.000 кипарски фунти (CYP) по овој основ.
III. НЕМАТЕРИЈАЛНА ШТЕТА
35. Жалителот, исто така, побарал сума од 621.900 кипарски фунти (CYP) на основ на нематеријална штета. Таа тврди дека различни отежнувачки фактори кои директно се однесуваат на неа треба да се земат предвид при проценката на Судот. Тие вклучуваат вознемиреност и чувства на фрустрација заради долготрајното одземање на нејзините права како и чувства на беспомошност во врска со присуството на турската армија во северен Кипар и нејзините неуспешни обиди да го добие својот имот назад. Исто така, мора да се има на ум дека жалителот израснал во Киренија каде што нејзиното семејство живеело со генерации, а сега таа била раселено лице во сопствената земја. Фактот дека турската влада не се обидела да обезбеди никакво оправдување за мешањето во нејзините права на сопственост е дополнителен отежнувачки фактор кој треба да се земе предвид.
Во поднесокот на жалителот исто така биле наведени фактори поврзани со аспектите на јавниот интерес и јавниот ред на Европа. Покрај обврската за надомест на штета, во оваа конкретна ситуација, имало потреба да се додели голем надомест за нематеријална штета, што би дејствувало како поттик за да се почитуваат правните стандарди утврдени во Конвенцијата. Бавноста и депресивните ефекти од процесните патишта достапни за жалителот, неодлучниот став на тужената влада и разните неосновани приговори во текот на постапката, исто така, мора да се земат предвид.
Друг отежнувачки фактор кој се однесува на доследната политика на Турција и на нејзините агенти во окупираната област е спроведувањето на контрола врз кипарските Грци сопственици на имот, како и нивно протерување на дискриминаторска основа. Таквите политики, кои претставуваат расна дискриминација, се извор на вознемиреност кај жалителот и претставуваат навреда за меѓународните стандарди за човековите права.
36. Кипарската влада го поддржа барањето на жалителот по овој основ. Владата смета дека чувството на беспомошност и фрустрација било многу присутно кај жалителот поради одбивањето на пристап до имотот и дека имало силни семејни односи во врска со предметниот имот кој претставува дел од семејното наследство. Етничката дискриминација која се практикува против кипарските Грци, исто така, е релевантна забелешка и морало да има влијание врз чувствата на жалителот.
37. Турската влада не даде забелешки по овој основ.
38. Делегатот на Комисијата смета дека треба да се додели надомест на штета, но не може да прифати некои од „отежнувачките околности“ на кои се повикува жалителот, особено нејзините аргументи дека таа била лишена од нејзиниот дом - жалбата врз основа на член 8 беше отфрлена од страна на Судот – и дека таа била дискриминирана на основа на тоа што била кипарски Грк – не била изјавена жалба врз основа на член 14 во оригиналната апликација. Тој, исто така, смета дека не треба да се внесува казнен елемент во примената на член 50, поради тоа што забелешките во однос на „јавната политика“ наведени од страна на жалителот ја засегаат глобалната состојба на раселените кипарските Грци, и, на тој начин, се оди многу подалеку од периметарот на поединечниот случај. Тој смета дека сумата од 20.000 кипарски фунти (CYP) би била соодветен надомест за штетата.
39. Судот смета дека надомест треба да се додели по овој основ поради болката и чувството на беспомошност и фрустрација кои жалителот мора да ги искусил во текот на годините поради неможноста да го користи својот имот на начин на кој што таа смета дека е најсоодветно за неа.
40. Сепак, исто како и Делегатот на Комисијата, Судот истакна дека овој конкретен случај се однесува на индивидуална жалба во врска со личните околности на жалителот, а не на општата состојба во врска со правата на сопственост на кипарските Грци во северен Кипар. Во врска со ова, Судот потсети дека, во својата основна пресуда, беше утврдено дека „[Судот] не треба да даде свое мислење во однос на аргументите кои се наведени од страна на оние кои се појавуваат пред Судот во врска со наводната законитост или незаконитост, во согласност со меѓународното право, на воената интервенција на Турција на островот во 1974 година“ (цитирано погоре, стр. 2236, § 56). Судот, исто така ги отфрли наводите на жалителот дека имало повреда на правото на почитување на нејзиниот дом (ibid., стр. 2238, § § 65-66) и не даде никаков заклучок во врска со прашањето за расна дискриминација кое не беше дел од жалбата на жалителот врз основа на Конвенцијата.
Донесувајќи проценка на правична основа, Судот додели сума од 20.000 кипарски фунти (CYP) по овој основ.
IV. ТРОШОЦИ И ИЗДАТОЦИ НА ЖАЛИТЕЛОТ
41. Жалителот, кој поднел детални сметки за направените трошоци во врска со различните фази на постапката пред Комисијата и судот, побарал сума од 137,084.83 кипарски фунти (CYP) на основ на трошоци и издатоци, вклучувајќи и данок на додадена вредност. Кипарската влада го поддржа нејзиното барање, кое беше составено од следниве ставки:
(а) 34,571.25 кипарски фунти (CYP) во врска со постапката пред Комисијата;
(б) 30.190 кипарски фунти (CYP) во врска со фазата на прелиминарни приговори пред Судот;
(в) 49,112.38 кипарски фунти (CYP) во врска со фазата на утврдување на основаноста на случајот пред Судот;
(г) 23,211.20 кипарски фунти (CYP) за постапките во врска со член 50.
Таа тврди дека за ваков вид на исклучителен случај, кој вклучува многу јавни расправи пред Комисијата и Судот, оправдано било да се побараат услугите на двајца кипарски адвокати, како и на еден специјален советник на Кралицата од Обединетото Кралство.
42. Турската влада не даде коментар во врска со поднесоците на жалителот по овој основ.
43. Делегатот смета дека трошоците биле прекумерно високи, бидејќи не било неопходно жалителот да биде застапуван во повеќето фази на постапката од страна на двајца адвокати и други советници. Покрај тоа, жалителот добил значителна поддршка од кипарската влада.
44. Судот смета дека, во контекст на жалбите покренати од страна на жалителот а во врска со неговите права на сопственост, овој конкретен случај отвора сложени прашања од суштинско значење за системот на Конвенцијата како целина. Случајот, исто така, вклучи неколку расправи пред Комисијата и три расправи пред Судот. На тој начин, жалителот имал право да ги користи услугите на двајцата кипарски адвокати и на специјалниот советник на Кралицата од Обединетото Кралство, со цел да ги застапуваат нејзините интереси.
Судот донесе заклучок дека трошоците и издатоците биле навистина и неопходно направени и разумни по обем и, оттука, треба да бидат надоместени во целост.
V. ТРОШОЦИ И ИЗДАТОЦИ НА КИПАРСКАТА ВЛАДА
45. Кипарската влада, исто така, тврди дека треба да и бидат надоместени трошоците и издатоците околу поднесувањето на случајот пред Судот. Во овој контекст, Кипарската влада побара сума од 48,315.77 кипарски фунти (CYP). Објасни дека тие се обиделе да ги надоместат само трошоците - а не да го обесштетат жалителот – поради тоа што значителни средства биле наменети за случајот, пристап кој е целосно оправдан во двете пресуди на Судот.
46. Турската Влада не даде никакви забелешки во врска со ова барање.
47. Делегатот на Комисијата, сепак, го оспори истото.
48. Судот потсети на општото начело дека државите мора да ги покријат своите трошоци во спорните постапки пред меѓународните судови (види, на пример, член 64 од Статутот на Меѓународниот суд на правдата и Советодавното мислење на тој суд во „Барање за ревизија на пресудата бр. 158 на Административниот трибунал на Обединетите нации“, Извештаи на МСП, 1993 година, стр. 211, § 96). Судот смета дека ова правило има дури и поголема примена кога, во согласност со посебниот карактер на Конвенцијата, како инструмент на Европскиот јавен ред (ordre public), Високите договорни страни поднесуваат случаи пред институциите на Конвенцијата, врз основа на член 24 или член 48 (в), како дел од колективната примена на правата утврдени во Конвенцијата или врз основа на член 48 (б) со цел да се заштитат правата на сопствените државјани. Во основа, не е својствено, според мислењето на Судот, државите кои, меѓу другото, постапуваат во насока на исполнување на интересите на Конвенцијата како целина, дури и кога тоа се совпаѓа со нивните сопствени интереси, нивните трошоци и издадоци заради тоа да бидат надоместени.
Оттука, Судот го отфрли барањето на кипарската влада за надомест на трошоците и издатоците.
VI. ЗАТЕЗНА КАМАТА
49. Според информациите кои му се достапни на Судот, законската каматна стапка применлива во Кипар на денот на донесувањето на оваа пресуда е 8% на годишно ниво.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Го отфрли, со петнаесет гласови наспроти два гласа, тврдењето на обвинетата држава дека жалителот нема право да му биде доделен правичен надомест на штета во согласност со член 50 од Конвенцијата;
2. Утврдува, со четиринаесет гласови наспроти три гласа, дека обвинетата држава треба да му ја исплати на жалителот, во рок од три месеци, сумата од 300.000 (триста илјади) кипарски фунти на основ на материјална штета;
3. Утврдува, со петнаесет гласови наспроти два гласа, дека обвинетата држава треба да му ја исплати на жалителот, во рок од три месеци, сумата од 20.000 (дваесет илјади) кипарски фунти на основ на нематеријална штета;
4. Утврдува, со тринаесет гласови наспроти четири гласа, дека обвинетата држава треба да му ја исплати на жалителот, во рок од три месеци, сумата од 137.084 (сто триесет и седум илјади и осумдесет и четири) кипарски фунти и 83 (осумдесет и три) центи за направените трошоци и издатоци;
5. Утврдува, со петнаесет гласови наспроти два гласа, дека затезна камата со годишна стапка од 8% треба да се исплатува на горенаведените износи по истекот на горенаведениот период од три месеци се до исплатата;
6. Го отфрли, едногласно, барањето на кипарската влада за надомест на трошоци и издатоци;
7. Го отфрли, едногласно, останатиот дел од барањето за правичен надомест на штета.
Изготвена на англиски и француски јазик и објавена на 28 јули 1998 година, во согласност со член 55 § 2, втор потстав, од Деловникот А на Судот.
Потпишан: Rudolf BERNHARDT
Претседател
Потпишан: Herbert PETZOLD
Секретар
Во согласност со член 51 § 2 од Конвенцијата и правилото 53 § 2 од Деловникот А на Судот, следниве издвоени мислења се дадени во прилог на оваа пресуда:
(а) делумно издвоено мислење на г. Morenilla;
(б) делумно издвоено мислење на г. Mifsud Bonnici;
(в) издвоено мислење на г. Gölcüklü;
(г) издвоено мислење на г. Pettiti.
Со иницијали: R. B.
Со иницијали: H. P.
ДЕЛУМНО ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ НА СУДИЈАТА MORENILLA
Се согласувам со мнозинството дека жалителот треба да добие правичен надомест на штета заради континуираното одбивање на пристап до сопствениот имот во северен Кипар и за последователната загуба на целосна контрола врз имотот што и се припишува на Турција, како што е наведено од страна на Судот во основната пресуда од 18 декември 1996 година. (Извештаи за пресуди и одлуки, 1996-VI, стр. 2236, § 57). Сепак, не се согласувам со точка 2 и точка 4 од оперативните одредби од следниве причини:
Што се однесува до точка 2, мнозинството нереално ја занемари општата политичка состојба во регионот каде што жалителот има имот при разгледувањето на нејзиното барање за надомест на материјалната штета заради неможноста да го употребува земјиштето и како последица на тоа, неможноста да се гради објект на тоа земјиште или истото да се даде под закуп во текот на изминатите осум години, како и при донесувањето на правична проценка за имотот (став 33 и став 34 од оваа пресуда). Исто како и делегатот на Комисијата (став 30), сметам дека сумата од 100.000 кипарски фунти (CYP) би била соодветен надомест за штетата.
Што се однесува до точка 4, сметам дека е прекумерно висока сумата од 137,084.83 кипарски фунти (CYP) за трошоци и издатоци доделена на жалителот која треба да биде исплатена од страна на обвинетата држава. Врз основа на член 50 од Конвенцијата, како што се толкува во судската пракса на Судот, (види ја пресудата за случајот Pine Valley Developments Ltd и други против Ирска, од 9 февруари 1993 година (член 50), Серија А, бр. 246-Б, стр. 89, § 19), оштетената страна има право на надомест на трошоците кои биле неопходно направени. Како и да е, во овој конкретен случај, јас не сметам дека е неопходно жалителот да биде застапуван пред Комисијата и пред Судот од страна на двајца кипарски адвокати и еден странски специјалист за меѓународни право, поради тоа што, според моето мислење, еден адвокат би бил доволен за да постапува на соодветен начин со правните прашања кои се вклучени во овој случај. Оттука, сметам дека обвинетата држава треба да биде одговорна за исплата само на една третина од оваа сума.
ДЕЛУМНО ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ НА СУДИЈАТА MIFSUD BONNICI
1. Не можев да гласам во корист на жалителот за да му се додели сума од 137,084.83 кипарски фунти (CYP) за трошоците и издатоците побарани од негова страна. Сумата е еквивалентна на сумата од 185,064.52 британски фунти (GBP), според курсната менувачка стапка наведена од страна на жалителот, CYP 1 = GBP 1,35.
2. Исто како и делегатот на Комисијата во своите усни поднесоци пред судот и малцинството на судии, сметам дека бараната сума е прекумерно висока и претерана.
3. Се разбира, очигледно е дека случајот е сложен и тежок, но, сепак, овие квалификации не ја оправдуваат големата сметка за трошоци и издатоци која беше поднесена и која, изненадувачки, мнозинството на Судот ја прифати. Турската влада придонесе кон тоа на начин што не достави какви било коментари во врска со ова прашање. Турската влада, исто така, не достави какви било коментари во врска со пресметките направени од страна на жалителот за нејзините економски загуби (види став 32 од пресудата), сепак, Судот не може да ги прифати, но не само поради оваа причина, и притоа без да се посомнева, поднесоците доставени од страна на жалителот. Нема сомнение дека истото начело се применува и за прашањето за трошоците и издатоците.
4. За да се илустрира мојата критика во врска со барањето на жалителот по овој основ, ќе се ограничам на следниве детали:
(a) Според пресметката на трошоци од 26 јуни 1995 година, надоместоците за двајцата кипарски адвокати ангажирани во испитувањето и подготовката на поднесоците, како и на одговорите кон поднесоците и нивното присуство за време на одржувањето на јавната расправа во врска со основаноста на случајот, изнесуваат 18.900 британски фунти - GBP (или 14.000 кипарски фунти - CYP), додека оние кои се однесуваат на услугите на специјалниот советник и застапник за неговата истражувачка работа, посета на Кипар заради консултации, подготовка на одговорите кон поднесоците и неговото присуство за време на одржувањето на јавната расправа во врска со основаноста на случајот изнесуваат 35.888 британски фунти - GBP (или 29.416 кипарски фунти - CYP), односно вкупна сума од 54.788 британски фунти (GBP).
(б) Во врска со оној дел од случајот кој се однесува на прелиминарните приговори, врз основа на истите ставки наведени во потставот (а) погоре - кипарските адвокати наплатиле 12.150 британски фунти - GBP (или 9.000 кипарски фунти - CYP), додека специјалниот советник и застапник наплатил 24.000 британски фунти - GBP (или 17.760 кипарски фунти - CYP), односно вкупна сума од 36.150 британски фунти (GBP).
(в) На крајот, во врска со третата и последна фаза – фазата која се однесува на член 50 - за подготовка на белешката на жалителот и за јавната расправа, пресметката на трошоците изнесува 9.045 британски фунти - GBP (или 6.700 кипарски фунти - CYP), и 18.795 британски фунти - GBP (или 15.406 кипарски фунти - CYP), односно вкупна сума од 27.840 британски фунти (GBP).
Белешката за која станува збор се состои од 22 страни со двоен проред, од кои, една третина од нив е посветена на цитати, пред се, од пресуди изречени од страна на Судот.
Севкупната сума од 118.778 британски фунти - GBP на основ на надоместоци на адвокатите, според моето мислење, е прекумерно висока и неоправдана.
(г) Конечно, за да илустрирам понатаму зошто не гласав за доделување на надомест за трошоците и издатоците, во целост и „en bloc“, забележав дека, во врска со нејзините барања во согласност со член 50, жалителот нарачал да се изготви извештај за проценка на вредноста на нејзиниот имот во Кипар, од страна на фирма во сопственост на кипарски проценители. Вкупните трошоци изнесуваат 1.734 кипарски фунти - CYP. Нивниот пристап применет во овој извештај не беше прифатен од страна на Судот поради тоа што истиот вклучува значителен степен на шпекулација и не дава доволен надомест за непостојаноста на пазарот на недвижности и неговата изложеност на домашни и меѓународни влијанија (став 33). И покрај тоа, трошоците беа одобрени.
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ НА СУДИЈАТА GÖLCÜKLÜ
(Превод)
Жалам што не можам да се согласам со мислењето на мнозинството на Судот во врска со „правичниот надомест на штета“.
Моето мислење во врска со примената на член 50 не се однесува исклучиво, и не го повторува моето несогласување во врска со пресудите за „прелиминарните приговори“ од 23 март 1995 година (40/1993/435/514) и за „основаноста“ од 18 декември 1996 година (40/1993/435/514), туку исто така е засновано на суштинските прашања својствени на концептот за правичен надомест на штети, како што е предвидено во член 50 од Конвенцијата.
1. Врз основа на текстот на таа одредба, судската пракса на Судот и едногласното мислење на правните составувачи, член 50 не значи дека задолжително наметнува апсолутна обврска Судот да додели надомест на штета.
Дискрециониот карактер на овластувањата на Судот во однос на правичниот надомест на штета произлегува и од неговиот капацитет да утврди дали е неопходно да се додели надомест на штета иле не, и од фактот дека таквата одлука на Судот не се однесува на прашање на јавниот ред. На тој начин, не постои услов во согласност со Конвенцијата, ниту било каква подоцнежна пракса на Судот, кој ќе го задолжи Судот да му додели одредена сума на жалителот.
Судот, дури и во строго индивидуални случаи кои немаат никакво влијание врз меѓународната политика, многу често - и во врска со одредени членови од Конвенцијата, систематски - одбира да не додели правичен надомест на штета, сметајќи дека тоа што веќе е утврдена повреда, претставува доволен надомест.
Исто како што истакна Претседателот Bernhardt во своето издвоено мислење дадено во прилог на основната пресуда, случајот Loizidou се однесува на имотите на голем број луѓе, прашање кое претставува нераскинлив дел од решението на кипарскиот проблем. Предлозите на директно засегнатите страни се вклучени во „Сетот идеи во однос на севкупниот рамковен договор за Кипар“ (S/24472).
Игнорирањето на сложеноста и политичките потешкотии на еден меѓународен проблем кој трае веќе триесет и пет години и неговото ограничување на индивидуална димензија, се разбира дека нема да помогне да се донесе брзо решение.
2. Сметам дека во овој конкретен случај „правичен надомест на штета“ не треба да се додели, ниту пак треба да се надоместат направените трошоци.
3. Случајот Loizidou не е изолиран случај кој се однесува исклучиво на жалителот (интервенцијата од страна на администрацијата на кипарските Грци е видлив доказ за тоа); тој, напротив, се однесува на сите жители на островот, без разлика дали имаат турско или грчко потекло, кои биле раселени по настаните од 1974 година, факт кој не треба да предизвика никакво изненадување.
Во суштината на случајот Loizidou против Турција лежи идниот политички статус на држава која, за жал, исчезна, прашање на кое сите меѓународни политички тела (Обединети нации, Европска унија, Совет на Европа, итн.) сега бараат одговор. Прашање од таква важност не може да се сведе чисто и едноставно на концепт на право на сопственост и, на тој начин, да биде решено со примена на одредба од Конвенцијата која никогаш не била наменета за решавање на проблеми на ова ниво.
Се согласувам во целост со изјавата на судијата Morenilla во неговото издвоено мислење дека „мнозинството нереално ја занемари општата политичка состојба во регионот каде што жалителот има имот при разгледувањето на нејзиното барање за надомест на материјалната штета заради неможноста да го употребува земјиштето и како последица на тоа, неможноста да се гради објект на тоа земјиште или истото да се даде под закуп во текот на изминатите осум години, како и при донесувањето на правична проценка за имотот (став 33 и став 34 од оваа пресуда)“.
4. И на крајот, како што истакнав погоре, со интервенцијата во овој случај, односно, со поднесувањето на овој случај пред судот, администрацијата на кипарските Грци целосно го смени карактерот на случајот за целите на Конвенцијата. Така, случајот стана меѓу-државен случај. И покрај својот измамнички изглед, судската и правната фаза во овој случај е окупирана од страна на претставниците на администрацијата на кипарските Грци. Во согласност со она што Судот го прифати за меѓу-државните случаи, страните лично мора да ги покријат трошоците и издатоците кои тие ги направиле во една таква постапка. Оттука, не треба да му бидат надоместени трошоците на жалителот. Во спротивно, би рекол, согласувајќи се со судијата Morenilla во издвоеното мислење, дека во овој конкретен случај не било неопходно „жалителот да биде застапуван пред Комисијата и пред Судот од страна на двајца кипарски адвокати и еден странски специјалист за меѓународно право, поради тоа што ... еден адвокат би бил доволен за да постапува на соодветен начин со правните прашања кои се вклучени во овој случај“.
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ НА СУДИЈАТА PETTITI
(Превод)
Гласав исто како и малцинството на Судот против одлуките наведени во точка 1 од оперативните одредби (основна пресуда) и во точките од 2 до 5 за доделување на различни суми на г-ѓа Loizidou.
Сметам дека тоа што го направив беше неопходно, како би можел да останам доследен на моите гласови и издвоени мислења во врска со првите две пресуди за случајот Loizidou, особено, поради тоа што оваа конкретна пресуда, што се однесува до меѓународното право, повторно се однесува на првата пресуда. Моите гласови во врска со првите две пресуди беа поттикнати од политичката состојба во Кипар и моето толкување на меѓународното право. Фактот дека меѓународните сили ја контролираат „зелената линија“ и притоа се забранува слободното движење на лица од една зона во друга и пристапот на лицата до имотот кој се наоѓа на другата зона, според моето мислење, треба да биде земен предвид од страна на Судот. Актуелните политички случувања покажуваат дека проблемот со Кипар, за жал, излегува надвор од димензиите на само обична судска постапка.
[1] Ова резиме, кое е изготвено од страна на Секретарот, не е обврзувачко за Судот.
[2] Забелешки од страна на Секретарот
Случајот е заведен под број 40/1993/435/514. Првиот број ја означува позицијата на случајот на списокот на случаи поднесени до Судот во соодветната година (вториот број). Последните два броја ја означуваат позицијата на случајот на списокот на случаи поднесени до Судот уште од неговото воспоставување и на списокот на соодветни апликации поднесени до Комисијата.
[3] Деловникот А на Судот се применува за сите случаи поднесени до Судот пред влегувањето во сила на Протоколот бр. 9 (1 октомври 1994 година), а потоа, само за случаите во врска со државите кои не се обврзани со тој Протокол (П9). Истиот е во согласност со Деловникот кој стапи во сила на 1 јануари 1983 година, кој е изменет неколку пати последователно..
Full & Egal Universal Law Academy