© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА МАГИ И ДРУГИ против ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
(Жалби бр. 26289/12, 29062/12 и 29891/12)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
12 мај 2015 г.
КОНЕЧНА ВЕРЗИЈА
12/08/2015
Оваа пресуда стана правосилна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија.
Во случајот на Маги и други против Обединетото Кралство,
Европскиот суд за човекови права (Четвртата секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä), претседател,
Јоргос Николау (George Nicolaou),
Леди Бјанку (Ledi Bianku),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Пол Махони (Paul Mahoney),
Криштоф Војтичек (Krzysztof Wojtyczek),
Фарис Вахабиќ (Faris Vehabović), судии,
и Франсоаз Еленс-Пасос (Françoise Elens-Passos), секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 14 април 2015 година,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнува од три жалби (бр. 26289/12, 29062/12 и 29891/12) против Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска поднесени до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на три ирски државјани г-нот Габриел Маги, г-динот Колин Францис Дафи и г-ата Тереза Маги („жалителите“), на 1 мај 2012 година односно на 14 мај 2012 година односно на 10 мај 2012 година.
2. Првиот и вториот жалител беа застапувани од KRW Law – LLP, адвокатска фирма со седиште во Белфаст. Третата жалителка беше застапувана од г-динот П. Мориарти од O’Connor & Moriarty Solicitors, фирма со пракса во Лондон. Владата на Обединетото Кралство („Владата“) беше застапувано од нивниот агент, г-ата М. Адис од Министерството за надворешни работи.
3. На 25 септември 2012 г. Владата беше информирана за жалбите на првиот и вториот жалител. За жалбата на третата жалителка Владата беше информирана на 7 ноември 2012 г. И жалителите и Владата поднесоа сопствените забелешки во однос на допуштеноста и основаноста на случаите (правилото 59 § 1).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
4. Првиот жалител е роден во 1972 година и живее во Белфаст. Вториот жалител е роден во 1967 г. и живее во Лурган. Третата жалителка е родена во 1978 г. и живее во Краигавон.
А. Првиот и третиот жалител
5. На 14 март 2009 г. првиот и третиот жалител биле уапсени согласно членот 41 од Законот за тероризам од 2000 г. („Законот од 2000 г.“) под сомнеж за вклученост во убиство на полициски службеник на 9 март 2009 г. Тие биле задржани во полициската станица во Антрим истиот ден. Првиот жалител бил интервјуиран двапати на 15 март 2009 г. и еднаш на 16 март 2009 г.; третата жалителка била интервјуирана три пати на 15 март 2009 г. и еднаш на 16 март 2009 г.
6. На 16 март 2009 г. директорот на Јавното обвинителство („ДЈО“) поднел барања до Окружниот суд согласно ставот 29 од Листата 8 од Законот од 2000 г. за налог за продолжување за притворот за двајцата жалители со цел да се спроведе распит и да се направат испитувања од страна на крим-техника. Првиот жалител дал докази под заклетва во текот на испрашувањето. По испрашувањето, судијата на Окружниот суд издал судски налог за продолжување на притворот за пет дена.
7. Секој од жалителите биле испрашан во дванаесет прилики во следниве пет дена.
8. На 21 март 2009 г. ДЈО поднел барања до Окружниот суд согласно ставот 36 од Листата 8 од Законот од 2000 година за седум дена продолжување на периодите наведени во налозите за продолжување на притворот. Продолжувањата биле барани со цел да се олесни понатамошното испрашување на жалителите откако ќе се добиеле резултатите од дополнителните испитување на крим-техника. На посебно рочиште на 22 март 2009 г. началникот на Полиција сведочел под заклетва за потребата од продолжување и биле изнесени аргументи во име на првиот и третиот жалител.
9. После расправата чесната судијка Филпот, кралски адвокат донела пресуда на писмено за првиот жалител и ex tempore одлука за третиот жалител. Таа ги одобрила двете барања, одобрувајќи го продолжениот притвор на првиот жалител до 7.20 на 28 март 2009 година и продолжениот притвор на вториот жалител до 5.52 на 28 март 2009 година. Во своето образложение судијата Филпот забележала дека релевантните докази од крим-техника биле од клучна важност за истрагата и дека истрагата се водела на ревносен и експедитивен начин.
10. Во пресудата судијата Филпот разгледала дали Законот од 2000 година или членот 5 од Конвенцијата му дозволувале на судот кој одлучувал дали да дозволи или не продолжување на притворот изречно или имплицирано овластување да ја испита законитоста на апсењето или да дозволи кауција. Таа заклучила дека не било така, затоа што Законот од 2000 година го овластувал судијата само да одлучи дали продолжувањето на притворот било неопходно или не. Последователно таа морала да се ограничи на прашањето дали било потребно или не да се продолжи притворот после четириесет и осумте часови наменети за истражни цели и за секое прашање во врска со законитоста на апсењето ќе требала да биде утврдено од Виш суд, било во постапка Habeas Corpus или во постапка за судско разгледување.
...
В. Споени постапки
17. Жалителите барале дозвола да побараат судско разгледување на одлуките на судијата Филпот од 21 и 22 март 2009 г. со кои било дозволено понатамошно продолжување на налозите со кои се одобрувал нивниот притвор. Тие најпрво се изјасниле дека судијата Филпот згрешила што заклучила дека судот кога одлучувал дали да дозволи продолжување на притворот или не, бил спречен да ја испита законитоста на апсењето; второ, дека судијата не се осврнала на прашањето дали бил неопходен притворот на жалителите додека се чекало на резултатите од крим-техника; трето дека судијата не ги образложила причините за нејзината одлука дека притворот бил неопходен; и конечно, дека Листата 8 од Законот од 2000 година не била компатибилна со членот 5 од Конвенцијата.
18. Дозволата да се побара судско разгледување била одобрена од Вишиот суд на Северна Ирска на 24 март 2009 г. и Вишиот суд ги сослушал претставките на 25 март 2009 година.
19. Во однос на првиот поднесок на жалителите, Вишиот суд одлучил дека ставовите 5 и 32 од Листата 8 при Законот од 2000 година морале да се прочитаат согласно барањата од членот 5 § 3 од Конвенцијата како што било објаснето во јуриспруденцијата на Судот. Оттука, разгледувањето на законитоста на притворот морало да вклучи и проверка на основата за апсењето, во спротивно лице можело да биде задржано согласно Законот од 2000 година до дваесет и осум дена без никакво судско разгледување на законитоста на самото апсење и дека тоа не можело да биде во согласност со Конвенцијата. Затоа Вишиот суд одлучил дека судијата Филпот згрешила што се откажала од секакво разгледување на законитоста на апсењето на жалителите и како последица нејзината одлука да дозволи продолжување била поништена. Меѓутоа судот прифатил дека разгледувањето на законитоста на апсењето не морало да вклучува детална анализа на основата за одлуката за апсење и требало да ги отслика ограничувањата кои неопходно се применувале во многу од апсењата за терористички дела.
20. Што се однесува вториот и третиот поднесок на жалителите, Вишиот суд одлучил дека иако судијата не се фокусирала директно на тоа дали жалителите морале да бидат притворени наместо да бидат ослободени додека го чекале исходот од преостанатите испитувања на крим-техника, таа сепак ја разгледала потребата од притвор како основа за одобрување на судскиот налог. Исто така иако нејзините причини биле изнесени на кратко, тие биле доволни за да им ја пренесат на жалителите основата за нејзината одлука.
21. Разгледувањето на четвртиот поднесок на жалителите, имено компатибилноста на Листата 8 од Законот од 2000 година со членот 5 од Конвенцијата било одложено. Во пресудата донесена на 24 февруари 2011 г., Вишиот суд на Северна Ирска не нашол основа за поднесокот дека Листата 8 била некомпатибилна со членот 5 од Конвенцијата. Конкретно судот одлучил дека иако не постоел сомнеж дека „надлежниот судски орган“ на кој се упатува во членот 5 § 1 (в) бил органот со надлежност да работи на кривичното обвинение (судијата во Обединетото Кралство), во случаите Шисер против Швајцарија (Schiesser v. Switzerland, 4 December 1979, § 29, Series A no. 34) и МекКеј против Обединетото Кралство (McKay v. the United Kingdom [GC], no. 543/03, ECHR 2006‑X) Судот појаснил дека функцијата на „судија или друго службено лице“ согласно членот 5 § 1 од Конвенцијата може да ја врши службено лице кое според закон има судска надлежност н не мора да биде лице кое е овластено да спроведе судење по некакво кривично обвинение; дека, иако немало изречна надлежност да наложи ослободување согласно Законот од 2000 година, како што се барало во членот 5 § 3 од Конвенцијата, таквата надлежност морала да се подразбира; дека со оглед дека ставот 32 од Листата 8 од Законот од 2000 година предвидувал дека морало да постои разумен основ да се верува дека понатамошниот притвор на едно лице бил неопходен, затоа содржел услов за пропорционалност; дека немало никаква одредба за условен отпуст со кауција во рамките на законската рамка, прашање што не произлезе во овој случај но ќе треба да се разработи во некој случај во иднина во кој ќе се појави; дека иако ставот 33(3) од Листата 8 овозможувал судската власт да го исклучи жалителот или некој што го застапува од некој дел од рочиштето и став 34 дозволувал информацијата да не му се даде на жалителот или некој што го застапува, постоел цел опсег на алатки што му биле достапни на судот за да го сочува потребното ниво на акузаторната постапка и еднаквоста на оружјето; и конечно дека немало овластување кое ги поддржувало аргументите на жалителите дека членот 5 барал задржаното лице да биде обвинето доста пред истекувањето на периодот од дваесет и осум дена утврден во Законот од 2000 година.
22. На 4 април 2011 г. Вишиот суд за Северна Ирска потврдил дека бил задоволен дека одлуката усвоена на 24 февруари 2011 г. ги вклучувала следниве правни поенти од општа важност за јавноста:
„(а) Дали ставовите 29(3) и 36 (3) (б) од Дел III од Листата 8 од Законот за тероризам од 2000 г. („Законот“) кои дозволуваат продолжен притвор за повеќе од четири дена се компатибилни со правата на жалителот согласно членот 5(1) (в), 5 (2) и 5 (3) од Европската конвенција за човекови права („Конвенцијата“)Доколку усогласеност со Членот 5(3) од Конвенцијата може да се постигне само ако се предвиди притвореникот да се изведе пред судски орган (i) покрај на пример Понизок суд и (ii) без да се подигне обвинение против него;Доколку членовите 5 (1) (в) и 5 (3) од Конвенцијата треба да се читаат заедно како да се поврзани одредби и да се сфатат како да креираат шема така што „судијата или друго службено лице овластено со закон да извршува судска надлежност“ на што се упатува во членот 5(3) и „надлежниот судски орган“ на кој се упатува во членот 5(1) (в) се едно истото;Доколку „судскиот орган“ предвиден во Листата 8 од Законот е „судија или друго службено лице овластено со закон да извршува судска надлежност“ во рамките на значењето на членот 5(3) од Конвенцијата;Доколку членовите 5 (1) (в) и 5 (3) од Конвенцијата не можат да се толкуваат на таков начин за да дозволат притвор на осомничениот без обвинение за период определен од Парламентот, и подложи само на барањето за периодичното судско одобрение од типот утврден во членот 8 од Законот.
(б) Дали отсуството на овластување да се дозволи условен отпуст со кауција ја прави шемата за продолжување на притворот утврдена во Делот III од Листата 8 некомпатибилна со членот 5 од ЕКЧП; и
(в) Дали постапката за одобрување на продолжение на притворот во околности, кога осомничениот и правниот застапник биле исклучени од страна на судијата од дел од рочиштето (согласно Листата 8, став 33(3)) и заради тоа што информацијата му е дадена на судијата, но не и на осомничениот и неговиот правен застапник (Листа 8, став 34(1) и (2) (ѓ) не е компатибилна во акузаторно рочиште како што се бара во членот 5 во контекст на случајот Државниот секретар на Секторот за внатрешни работи против АФ (Secretary of State for the Home Department v AF (FC) & Anor [2010] 2 AC 269).”
23. Меѓутоа, Вишиот суд не дал дозволи за жалба пред Врховниот суд.
24. Врховниот суд на 14 ноември 2011 година не дал дозвола за жалба врз основа на тоа дека жалбите не укажале на спорна точка во законот од општа важност за јавноста.
Г. Ослободување на жалителите од притвор
25. Жалителите биле ослободени без обвинение на 25 март 2009 г. Првиот и третиот жалител не биле последователно обвинети за дело поврзано со убиството на полицискиот службеник.
26. Вториот жалител повторно бил уапсен и испрашан во наредните два дена. На 27 март 2009 г. тој бил обвинет за убиство на двајца војници, пет обиди за убиство и поседување на огнено оружје и муниција. Тој бил изнесен пред окружен судија во Понискиот суд на Ларне на 27 март 2009 година. Неговото барање за кауција било одбиено. После рочиштето што се одржало на 6 и 23 ноември 2009 г., барањето да се одреди кауција било одбиено од страна на Вишиот суд по основ дека постоел вистински ризик од повторување на делото заради тоа што бил осомничен дека е дел од дисидентска републиканска организација. Вишиот суд повторно одбил да одобри кауција на 8 октомври 2010 г.
27. На 7 ноември 2011 г. вториот жалител бил на судење пред судија без порота. На 20 јануари 2012 г. тој бил ослободен по сите точки од обвинението.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Овластувањето за апсење и притворање на осомничени терористи согласно Законот за тероризам од 2000 година
28. Членот 40 од Законот од 2000 година го дефинира терористот како лице кое извршило кривично дело согласно различни членови на Законот или некој што е или бил инволвиран во нарачка, подготовка или поттикнување на терористички дела.
29. Членот 41(1) од Законот предвидува дека еден полициски службеник може да уапси лице без налог за кое разумно се сомнева дека е терорист.
30. Делот II од Листата 8 од Законот од 2000 година се занимава со задржувањето на такво лице од страна на полицијата во текот на првите дваесет и осум часа.
31. Членот 41 (3) од Законот предвидува дека задржаното лице мора да биде ослободено не подоцна од истекувањето на период од четириесет и осум часа почнувајќи од времето на апсење согласно ставовите (4) и (7) наведени долу:
„(4) Доколку при разгледување на притворот на едно лице согласно Делот II од Листата 8 службеното лице кое го врши разгледувањето не одобри продолжување на притворот, лицето треба (освен ако не е задржано во согласност со ставовите (5) или (6) или согласно некое друго овластување) да биде ослободено.
(5) Кога полицискиот службеник има намера да поднесе барање за налог согласно ставот 29 од Листата 8 за продолжување на притворот, лицето може да биде притворено додека се чека на барањето.
(6) Кога барањето е поднесено согласно став 29 или 36 од Листата 8 во однос на притворот на едно лице, тој може да се задржи додека се чека на заклучокот од постапките по барањето.
(7) Кога едно барање согласно ставот 29 или 36 од Листата 8 е одобрено во однос на притворот на едно лице, тој може да се задржи, согласно ставот 37 од Листата во периодот одреден со налогот.“
32. Ставот 29 од Листата 8 од Законот предвидува директорот на јавното обвинителство за Северна Ирска („ДЈО“) да може да се обрати на судскиот орган за да му се издаде налог за продолжување на притворот. Согласно ставот 29 (3), периодот на продолжениот притвор ќе биде седум дена од времето на апсење согласни членот 41 од Законот од 2000 година, освен ако барањето е за пократок период или судскиот орган е задоволен дека постојат околности поради кои ќе биде несоодветно посочениот период да биде седум дена.
33. Во Северна Ирска судскиот орган согласно Законот од 2000 година е судија на Окружниот суд или областен судија (Понизок суд) кој бил назначен согласно Законот.
34. Став 30 од Листата 8 бара барањето на налог да биде поднесено за време на првичното задржување или во рок од шест часа од крајот на тој период.
35. Став 31 обезбедува дека барањето за налог не може да биде разгледано сè додека лицето на кое се однесува не добие известување дека било поднесено барање, времето кога било поднесено, времето кога било разгледано и основите по кои се бара продолжување на притворот.
36. Став 32 (1) предвидува дека судскиот орган може да издаде налог за продолжување на притворот само ако покаже дека постојат разумни основи да се верува дека понатамошниот притвор на лицето е неопходен и дека истрагата во врска со која лицето е задржано се спроведува на ревносен и експедитивен начин.
37. Ставот 32 (1A) предвидува продолжувањето на притворот на едно лице да се бара ако тоа е неопходно:-
„(а) за да се дојде до релевантни докази било преку негово испрашување или на друг начин;
(б) да се зачуваат релевантните докази; или
(в) во исчекување на резултатот од испитување или анализа на некаков релевантен доказ или нешто што треба да се испита или анализира или да се спроведе за да се дојде до релевантен доказ.“
38. Релевантниот доказ е доказ кој е поврзан со порачка на дело согласно членот 40 или индикација дека лицето коешто е задржано е лице кое потпаѓа под рамката утврдена со овој член.
39. Ставот 33 бара лицето на кое се однесува барањето да добие можност да поднесе усни или писмени претставки пред судскиот орган и да биде законски застапувано на рочиштето. Ставот 33 (3) предвидува судскиот орган да може да го исклучи лицето на кое се однесува барањето или некој што го застапува на рочиштето.
40. На ист начин, ставот 34 овозможува ДЈО да се обрати до судскиот орган со барање посочената информација на која планира да се потпре да не му биде обелоденета на лицето за кое се однесува барањето и на оној што го застапува. Судскиот орган може да даде таков налог само ако е задоволен дека постои разумен основ да верува дека ако се обелодени информацијата:
„(а) докази за делото согласно некоја од одредбите споменати во членот 40 (1) (a) ќе бидат попречени или оштетени,
(б) би било попречено враќањето на имот стекнат како резултат на кривично дело согласно некоја од овие одредби,
(в) би било попречено враќањето на имот во однос на кој налогот за конфискување може да се подведе под член 23 или 23А,
(г) фаќањето, обвинувањето или осудувањето на лице кое е осомничено дека потпаѓа под членот 40 (1) (a) или (б) би било отежнато како резултат на тоа дека би бил предупреден,
(д) спречувањето на терористичко дело би било отежнато како резултат на тоа дека некое лице ќе биде предупредено,
(ѓ) собирањето на информации за порачка, подготовка или поттикнување на терористичко дело би било попречено, или
(е) ќе се попречува или физички ќе биде повредено некое лице.“
41. Ставот 36 се занимава со продолжување на налозите за притвор до максималните дваесет и осум дена. Секое барање за продолжување може да го продолжи периодот на притвор до седум дена. Секое барање со кое ќе се продолжи тогашниот вкупен период на повеќе од четиринаесет дена мора да се достави до судија на Вишиот суд; во спротивно барањето се доставува до специјално назначен судија на Окружниот суд или до областен судија (Понизок суд).
Б. Ворд против Полициската служба на Северна Ирска (Ward v. Police Service of Northern Ireland [2007] 1 WLR 3013; [2007] UKHL 50)
42. Во случајот на Ворд против Полициската служба на Северна Ирска Горниот дом одлучил дека постапката предвидена во ставот 33 од Листата 8 била во најдобар интерес на притвореното лице, а не на оние на полицијата. Таму се вели:
„27. Одговорот на ова прашање е дека постапката пред судските власти која е предвидена во ставот 33 била вградена во интерес на притвореното лице, а не на оние на полицијата. Таа на лицето за кое се однесува барањето му дава право да се поднесе претставки и да биде застапувано на рочиштето. Но тој исто така ја препознава чувствителната природа на испрашувањата дека судскиот орган може да посака да биде задоволен, во најдобар интерес на тоа лице, дека постојат разумни основи да се верува дека продолжувањето на притворот кое што се бара е неопходно. Колку подлабоко се испитува ова прашање, најверојатно толку почувствително ќе биде. Колку е подолг периодот кој е дозволен за продолжувањето, толку поважно е основите за барањето внимателно и ревносно да се проверат.
28. Како и во овој случај, потребата на судскиот орган за проверка може да го надмине правото на полицијата да не му открие на осомничениот за што планираат да го испрашуваат до самото испрашување. Доколку така постапи, не треба да биде на штета на задржаното лице неговото исклучување со цел судскиот орган да може да го испита прашањето повнимателно за да види дали постоечкиот тест за продолжувањето што ставот 32 го утврдува е задоволен. Во тој случај овластувањето нема да се искористи против задржаното лице туку во негова корист. Како што рекол Харт Џ во својата ex tempore пресуда, судијата има задача да го заштити лицето, и негова функција е ригорозно и сеопфатно да ја испита основата што се користи за барањето.
29. Може да има случаи во кои постои ризик дека овластувањето што му е дадено на судскиот орган со ставот 33 (3) да функционира на штета на задржаното лице. Ваквите случаи се најверојатно ретки, но судскиот орган секогаш мора да биде внимателен да не го примени на таков начин.“
ПРАВОТО
I. СПОЈУВАЊЕ НА ЖАЛБИТЕ
43. Трите жалби во овој случај (бр. 26289/12, 29062/12 и 29891/12) се занимаваат на истите прашања. Заради причините утврдени во параграфите 47‑59 долу, Судот одлучи дека жалбите на вториот жалител се недопуштени. Тој меѓутоа смета дека преостанатите жалби (бр. 26289/12 и 29891/12) треба да бидат споени согласно Правилото 42 § 1 од Правилникот на Судот.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 1 (в), 5 § 2 И 5 § 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
44. Жалителите се жалеа дека нивното притвор претставувал повреда на членот 5 § 1(в), 5 § 2 и 5 § 3 од Конвенцијата во кои се вели следново:
„1. Секој човек има право на слобода и безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен во следниве случаи и во согласност со постапка уредена со закон:
... ... ...
(в) ако е уапсен или притворен поради приведување пред надлежен судски орган, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело, или кога постојат оправдани причини тоа лице да се спречи да изврши кривично дело, или по извршувањето на кривичното дело да избега;
... ... ...
2. Секое уапсено лице веднаш се известува на јазикот што го разбира за причините за апсењето и за обвиненијата против него.
3. Секое лице уапсено или притворено според одредбите на став 1(в) од овој член под итно ќе биде изнесено пред судија или друго службено лице овластено со закон да извршува судска надлежност и ќе има право на судење во разумен рок или да биде пуштено на слобода додека го чека судењето...“ Пуштањето може да се услови со давање гаранција дека тоа лице ќе се појави на судењето.“
45. Судот не е обврзан согласно правната карактеризација дадена од еден жалител на фактите од случајот (види, на пример, Margaretić v. Croatia, no. 16115/13, § 75, 5 June 2014). Затоа, со оглед дека суштината на жалбата на жалителите согласно членот 5 § 1 (в) била дека тие не биле изнесени веднаш „пред судија или друго службено лице“, тој смета дека ќе биде многу посоодветно да се испита таа жалба согласно членот 5 § 3.
46. Владата ги оспори аргументите на жалителите.
...
Б. Основаност
1. Изјаснување на странките
(а) Жалителите
62. Жалителите се потпираа на случајот Шисер против Швајцарија (Schiesser v. Switzerland, 4 December 1979, Series A no. 34) како извор за предлогот дека „надлежен судски орган“ (во став 1(в) од членот 5) бил синоним, од скратена форма, за „судија или друго службено лице овластено со закон да извршува судска надлежност“ (во став 3 од член 5). Согласно шемата за отпочнување на кривични постапки во Северна Ирска, во Понискиот суд обвинетиот за првпат се појавувал пред суд по поднесувањето на обвинение. Жалителите затоа се изјасниле дека Понискиот суд на Северна Ирска бил „надлежниот судски орган“ согласно условите од членот 5 § 1(в) и „судија или друго службено лице“ согласно условите од членот 5 § 3 од Конвенцијата и, со оглед дека никогаш не биле изнесени пред Понизок суд, нивното задржување пред поднесувањето на обвинение претставувало повреда на членот 5 § 3.
63. Жалителите понатаму се изјасниле дека било сосема разбирливо првото појавување после поднесеното обвинение пред Понискиот суд да биде пред „судија или друго службено лице“, бидејќи би обезбедувало дополнителна заштита од своеволно задржување. Поконкретно, тоа би обезбедило брзо и јавно објавување за што се товари притвореното лице; би обезбедило разгледување на продолжениот притвор на притвореното лице, и она што е важно, можност за условен отпуст; и доколку се одобри продолжување на притворот тоа би било во затвор, а не во полициска станица, што не можело да биде соодветно за подолги периоди на лишување од слобода.
64. Дури и ако Судот би прифатил дека судската контрола на притворот што се уредува во членот 5 § 3 од Конвенцијата не морала да биде вршена од Понизок суд, жалителот се изјаснил дека „судскиот орган“ согласно Законот од 2000 година немал овластување и карактеристики да ги исполни условите од тој член.
65. Најпрво, тие тврдеа дека опсегот на испрашување спроведено од судскиот орган на првото автоматско разгледување на притворот не било во согласност со членот 5 § 3 од Конвенцијата. Во овој случај Вишиот суд одлучил дека разгледувањето на законитоста на апсењето не морало да вклучува детална анализа на основот за одлуката за апсење и требало да ги отслика потребните ограничувања кои се применувале во повеќето апсења за терористички дела, каде причините поврзано со јавната безбедност го спречувало обелоденувањето на сите информации врз основа на кои одлуката за апсење била донесена. Жалителите се изјасниле дека ова не било во согласност со членот 5 § 3, бидејќи таквиот тест спречувал делотворно разгледување на апсењето и притворот согласно барањата на тој член на првото автоматско разгледување од страна на судијата и во последователните разгледувања. Затоа, дури и ако судија на Окружниот суд постапувал по основ одобрен од Вишиот суд, немало да биде доволно за да е во согласност членот 5 § 3.
66. Второ, логичната последица од креирањето на посебен и дистинктивен механизам надвор од нормалните правни процеси била таа дека „судскиот орган“ морал да исполни две посебни судско-надзорни улоги согласно членот 5 § 3 од Конвенцијата; автоматското разгледување на притворот и разгледување дали лицето лишено од слобода било ослободено со кауција додека чекало на судењето. Судската пракса во однос на Конвенцијата утврдува дека таа улога требала да биде изведена со соодветна експедитивност (McKay v. the United Kingdom [GC], no. 543/03, ECHR 2006‑X). Не било спорно за ниедна од страните дека „судскиот орган“ како што било воспоставено согласно Законот од 2000 година не поседувал овластување на наложи условен отпуст; меѓутоа, без можност за наметнување на услови за ослободување судскиот орган можел да нареди само безусловен отпуст или продолжен притвор. Ставот особено одговара во случај како овој, каде жалителите, во најмала рака, требале да бидат условно ослободени. Во врска со ова жалителите се изјасниле дека полицијата се обидувала да го продолжи притворот кога тие веќе биле задржани седум дена без обвинение; полициските интервјуа завршиле со исклучок на добивањето на резултатите од тестовите направени од крим-техника; интервјуата не обезбедиле никакви или не обезбедиле доволно докази за да се обвинат жалителите; тие биле лица со добар карактер и не постоел ризик да избегаат; и тие имале право на презумпција на невиност.
(б) Владата
67. Владата се изјасни дека суштинскиот услов во членот 5 § 3 од Конвенцијата бил уапсеното лице да биде веднаш изведено пред „судија или друго службено лице овластено со закон да извршува судска надлежност“. Судските тела кои се опфатени со членот 5 § 1(в) и 5 § 3 не морале да бидат идентични; со оглед дека Листата 8 бара лицето што е лишено од слобода да биде изнесено пред судија, тој е во согласност со суштинското барање содржано во членот 5 § 3. Во поткрепа на ова тврдење Владата се потпираше на формулацијата на членот 5; поентата што е во суштината на членот 5; и пресудите на Судот во случаите Аквилина против Малта (Aquilina v. Malta [GC], no. 25642/94, ECHR 1999‑III) и Шисер против Швајцарија (Schiesser v. Switzerland), цитирани горе.
68. Најпрво, фактот дека различен јазик се користел во членот 5 § 1(в) од една страна и во членот 5 § 3 од друга страна покажал дека двете судски тела на кои се упатува во тие одредби немало потреба да се идентични.
69. Второ, во случајот Медведјев и други против Франција (Medvedyev and Others v. France [GC], no. 3394/03, ECHR 2010) Судот вели дека целта на членот 5 § 3 била да обезбеди уапсените лица да бидат физички изнесени пред судско службено лице веднаш, а одредбите од Листата 8 служеле за таа цел. Пред сè тие предвидувале заштита од своеволно задржување, со оглед дека постоела независна судска анализа на причините за притворот на осомничениот и со оглед дека морало да се нареди ослободување доколку продолжениот притвор на осомничениот не бил оправдан. Да се сугерира дека „судија или друго службено лице“ од членот 5 § 3 треба да е исто со „надлежниот судски орган“ од членот 5 § 1 (в) нема никако да придонесе кон заштитата што му се обезбедува на задржаното лице, ќе даде предимство на формата пред супстанцата, и засегната држава ќе ја ограничи без некоја добра причина организацијата на судските ресурси.
70. Трето, немаше ништо ниту во Шисер против Швајцарија, ниту во Аквилина против Малта што сугерира дека судското тело во членот 5 § 3 треба да биде идентично на тоа во членот 5 § 1 (в). Напротив, Судот јасно кажа во тие пресуди дека важното прашање било дали судското или друго службено лице ја имало потребната независност од извршната власт и партиите.
71. Владата понатаму се изјасни дека жалителите погрешно ја сфатиле природата на задолжително прво разгледување согласно членот 5 § 3 од Конвенцијата. Најпрво, немало услов лицето што е притворено согласно членот 5 § 1(в) дека морало да биде – или морало на крај да биде – обвинето (Brogan and Others v. the United Kingdom, 29 November 1988, § 53, Series A no. 145‑B). Последователно, брзото и јавно објавување на кривичното обвинение како дел од разгледувањето на законитоста на притворот согласно членот 5 § 3 било нерелевантно.
72. Второ, не постоел основ да се заклучи дека разгледувањето согласно членот 5 § 3 морало, како автоматска обврска, да го опфати ослободувањето на задржаното лице кое чека судење, со или без наметнување на одредени услови, од причини различни од законитоста на притворот или постоењето на разумен сомнеж дека тој или таа извршил кривично дело (McKay v. the United Kingdom, цитиран горе, §§ 38 – 39). Барањата на членот 5 § 3 во врска со притворот согласно членот 5 § 1 (в) и барањата од членот 5 § 3 во врска со продолжувањето на притворот (кои вклучувале да се разгледа и можноста за условен отпуст) доделувале посебни права и на изглед не биле логично или времено поврзани (Medvedyev and Others v. France, цитиран горе, § 119). Во овој случај, иако притворот на жалителите бил во рана фаза, судијата можел да издаде само налог за продолжување на притворот доколку бил задоволен дека секој жалител бил лице под разумен сомнеж дека извршил терористичко дело или дека бил терорист; дека постоеле разумни основи да верува дека понатамошното задржување на секој жалител било неопходно; и дека истрагата била спроведена на ревносен и експедитивен начин. Во овие околности не било неопходно судијата да има дополнително овластување да го ослободи жалителот со условна кауција.
2. Оценка на Судот
(а) Општи принципи
73. Судот повторува дека членот 5 од Конвенцијата е од првиот ред на основни права кои ја штитат физичката безбедност на поединецот, и дека три ставови конкретно можат да се идентификуваат дека се јавуваат во судската пракса на Судот: исцрпната природа на исклучоците, што мора да се протолкува строго и што не дозволува широк опсег на оправдувања согласно други одредби (членовите од 8 до 11 од Конвенцијата конкретно); во повеќе прилики е ставен акцент на законитоста на притворот, процедурално и материјално, барајќи скрупулозно придржување на владеењето на правото; и важноста на брзината или итноста на потребните судски контроли согласно членот 5 §§ 3 и 4 (види МекКеј, цитиран горе, § 30).
74. Судот ја забележува важноста на гаранциите што му ги дава членот 5 § 3 на уапсеното лице. Целта на оваа одредба е да се обезбеди уапсените лица да бидат веднаш физички изведени пред судски службеник. Така автоматски забрзаната судска анализа обезбедува важна мерка за заштита од своеволно однесување, изолирано задржување и малтретирање (види, меѓу другите извори, Brogan and Others, цитиран горе, § 58; Brannigan and McBride v. the United Kingdom, 26 May 1993, §§ 62‑63, Series A no. 258-B; Aquilina v. Malta, цитиран горе, § 49; и Dikme v. Turkey, no. 20869/92, § 66, ECHR 2000‑VIII).
75. Членот 5 § 3, како дел од рамката на гаранции, е структурално засегнат со две посебни работи: раните фази кои следат после апсењето, кога едно лице е под надлежност на властите, и периодот на чекање на судењето пред кривичен суд, за кое време лицето може да биде задржано или ослободено со или без наметнување на одредени услови. Овие два дела доделуваат посебни права и на изглед не се логични или времено поврзани (види T.W. v. Malta [GC], no. 25644/94, § 49, 29 April 1999, McKay, цитиран горе, § 31 и Medvedyev v. France, цитиран горе, § 119).
76. Земајќи ја во предвид првичната фаза од првиот дел, судската пракса на Судот утврдува дека мора да постои заштита преку судска контрола на лице кое е уапсено или притворено „врз основа на разумен сомнеж дека сторил [кривично] дело“, односно дури и пред да биде поднесено некакво кривично обвинение (види Броган и други, цитиран горе, § 53). Таквата контрола му служи на обезбедувањето на делотворна заштита од ризикот од малтретирање, што во најдобар случај е во својата првична фаза на можеби континуирано лишување од слобода по поднесувањето на кривично обвинение, и против злоупотреба на надлежностите доделени на службените лица од органите на прогонот што треба да бидат тесно ограничени цели, а кои можат да се остварат строго во согласност со пропишаните процедури. Судската контрола мора да ги задоволи барањата утврдени долу (види МекКеј, цитиран горе, § 32).
(α) Брзина
77. На изглед судската контрола на едно уапсено лице пред сè мора да биде брза, да дозволува откривање на секакво малтретирање и да го сведе на минимум секое неоправдано попречување на личната слобода. Иако секој случај треба да се процени согласно неговите посебни одлики (Belousov v. Ukraine, no. 4494/07, § 94, 7 November 2013), строгото временско ограничување наметнато од овој услов остава малку флексибилност за толкување, во спротивно таму ќе има сериозно слабеење на процедуралната гаранција на штета на поединецот и ризик од влошување на самата суштина на правото заштитено од оваа одредба (види Брогеан и други, цитиран горе, § 62, каде периоди од четири дена и шест часа во затвор без да се појави лицето пред судија се сметало за повреда на членот 5 § 3, дури и во посебниот контекст на терористичките истраги).
78. Импликацијата на Броган (цитиран горе) е дека, дури и кога, како во контекстот на законодавството за борба против тероризмот, постојат вонредни околности или специјални потешкотии кои оправдуваат подолг период од нормалниот пред властите да го изнесат уапсеното лице пред судија, првото разгледување мора да се случи во максимум четири денови после апсењето. Во случајот МекКеј, цитиран горе, Судот утврди дека немало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата во околностите во кои осомничен кој не бил осомничен за тероризам бил изнесен пред судски службеник во рок од четириесет и осум часа од неговото апсење. Исто така, во случајот Аквилина, цитиран горе, Судот прифати дека појавувањето на жалителот пред суд два дена после неговото апсење го задоволил условот за брзина. Сепак, иако секој период подолг од четири дена претставува prima facie премногу долг период, во одредени околности и пократки периоди исто така можат да значат прекршување на условот за брзина (види Ipek and Others v. Turkey, §§ 36-37, во кој период од три дена и девет часа не било доволно брзо во однос на жалителите кои биле малолетници; Kandzhov v. Bulgaria, no. 68294/01, § 66, 6 November 2008, каде период од три дена и дваесет и три часа не било доволно брзо, при што жалителот, кој бил уапсен под обвинение за помал и ненасилен прекршок, веќе имал поминато дваесет и четири часа во затвор кога полицијата му предложила на обвинителот надлежен за случајот да побара од надлежниот суд да му изрече на жалителот мерка притвор; и Hassan and Others v. France, no. 46695/10, § 89, 4 December 2014, во кој жалителите веќе биле задржани подолго време пред да бидат ставени во полициски притвор).
(β) Автоматската природа на разгледувањето
79. Разгледувањето мора да биде автоматско и да не зависи од барање од задржаното лице; во однос на ова мора да се прави разлика од членот 5 § 4, кој на задржаното лице ми дава право да побара ослободување. Автоматската природа на разгледувањето е неопходна за исполнување на целта на тој став, со оглед дека лице кое било малтретирано можеби нема да е способно да поднесе барање со кое ќе бара судија да го разгледа неговото задржување; истото може да важи и за други ранливи категории на уапсени лица, како што се ментално нежните или оние кои не го познаваат јазикот на судскиот службеник (види Аквилина, цитиран горе).
(γ) Карактеристиките и надлежностите на судскиот службеник
80. Бидејќи членот 5 § 1 (в) формира целина со членот 5 § 3, „надлежен судски орган“ во ставот 1 (в) е синоним, во скратена форма, за „судија или друго службено лице овластено со закон да извршува судска надлежност“ во став 3 (види, меѓу другите извори, Lawless v. Ireland (no. 3), 1 July 1961, Series A no. 3, и Schiesser, цитиран горе, § 29).
81. Судскиот службеник мора да ги понуди потребните гаранции за независност од извршната власт и партиите, што го исклучува од последователни интервенции во кривичните постапки во име на органот што гони, и тој или таа мора да има овластување на нареди ослободување откако ќе го сослуша лицето и да ја разгледа законитоста и оправданоста на апсењето и притворот (види, меѓу другите извори, Assenov and Others v. Bulgaria, 28 October 1998, §§ 146 and 149, Reports 1998-VIII). Што се однесува до опсегот на разгледувањето, формулацијата која е во основата на одамна утврдената судска пракса датира уште од дамнешниот случај на Шисер (цитиран горе, § 31):
„Исто така, согласно членот 5 § 3, постои и процедурален и материјален услов. Процедуралниот услов му наметнува обврска на ‘службеното лице’ самиот тој да го сослуша лицето што е изнесено пред него [...]; материјалниот услов му ги наметнува обврските за разгледување на околностите кои зборуваат во корист или против притворот, за одлучување, преку упатување на законските критериуми, за тоа дали постојат причини што го оправдуваат притворот и за да се наложи ослободување доколку не постојат такви причини [...].“
82. Со други зборови, „членот 5 § 3 бара судскиот службеник да ја разгледа основаноста на притворот“ (види, T.W. v. Malta и Aquilina, обата цитирани горе, § 41 односно § 47).
83. Првичното автоматско разгледување на апсењето и притворот соодветно на тоа мора да може да ги испита прашањата поврзани со законитоста и дали постои разумен сомнеж или не дека уапсеното лице извршило кривично дело; со други зборови, дали притворот потпаѓа под дозволените исклучоци утврдени во членот 5 § 1 (в). Кога притворот не потпаѓа или е незаконско судскиот службеник во тој случај мора да има овластување да го ослободи лицето (види МекКеј, цитиран горе, § 40).
84. Меѓутоа, испитувањето на релевантната судска пракса не нуди основ да се заклучи дека разгледувањето, како прашање на автоматска обврска, мора да го опфати ослободувањето на жалителот додека чека на судењето, со или без наметнување на одредени услови, од причини што се различни од законитоста на притворот или постоењето на разумен сомнеж дека жалителот го извршил кривичното дело. Затоа нема ништо што сугерира дека кога упатува во својата пресуда во случајот Шисер на „околностите кои зборуваат во корист или против притворот“, Судот направил повеќе од чисто укажување дека судскиот службеник морал да има овластување да ја разгледа законитоста на апсењето и притворот согласно домашното право и неговото придржување на условите од членот 5 § 1 (1) (МекКеј, цитиран горе, § 36).
85. Судот забележал во неколку прилики дека истрагата за терористички дела несомнено на властите им наметнала посебни проблеми (види Броган и други, цитиран горе, § 61; Murray v. the United Kingdom, 28 October 1994, § 58, Series A no. 300-A; и Aksoy v. Turkey, 18 December 1996, § 78, Reports 1996-VI). Во Броган и други (цитиран горе, § 61) Судот конкретно признава дека „потешкотиите ... околу судската контрола во одлучувањето за апсење и задржување на осомничени терористи може да влијае на начинот на спроведување на членот 5 § 3, на пример, при барањето на соодветни процедурални мерки на внимателност со оглед на природата на осомничените дела. Ова меѓутоа не значи дека истражните власти имале целосна слобода согласно членот 5 да ги уапсат осомничените за испрашување, ослободени од ефективна контрола од страна на домашните судови и конечно од надзорните институции на Конвенцијата, секогаш кога ќе се одлучеле да тврдат дека се работело за тероризам (види Öcalan v. Turkey [GC], no. 46221/99, § 104, ECHR 2005‑IV).
(δ) Периодот на притвор
86. Пресумпцијата е наклонета кон ослободувањето. Како што е утврдено во случајот Нојмајстер против Австрија (Neumeister v. Austria 27 June 1968, p. 37, § 4, Series A no. 8), вториот дел од членот 5 § 3 не им дава на судските органи избор меѓу тоа дали да го изнесе обвинетиот на судење во разумно време или да му дозволи привремено ослободување додека чека на судењето. До неговото осудувањето обвинетиот мора да се смета за невин, и целта на одредбата што се разгледува во основа бара негово привремено ослободување откако неговиот континуиран притвор ќе престане да биде разумен.
87. Континуираниот притвор може да биде оправдан во даден случај само ако постојат конкретни индикации за вистинската потреба од јавен интерес која без разлика на пресумпцијата на невиност, надвладува над правилото за почитување на личната слобода утврдена во членот 5 од Конвенцијата (види ги, меѓу другите извори, Kudła v. Poland [GC], no. 30210/96, §§ 110 et seq., ECHR 2000‑XI).
88. Утврдувањето на разумен сомнеж дека лицето што е уапсено го сторило делото е услов sine qua non за законитоста на континуиран притвор, но после одреден временски период повеќе не е доволен. Судот не се обидел да го трансферира овој концепт во фиксиран број на денови, недели, месеци или години или во различни периоди во зависност од сериозноста на делото (Stögmüller v. Austria, no. 1602/62, § 4, 10 November 1969). Кога постоењето на „разумен сомнеж“ повеќе не е доволно, Судот мора да утврди дали другите основи посочени од судските органи и понатаму го оправдуваат лишувањето од слобода. Особено, тие мора да утврдат дали таквите основи биле „релевантни“ и „доволни“, и дали националните власти покажале „посебна ревност“ во спроведувањето на постапките (види, меѓу другите извори, Letellier v. France, 26 June 1991, § 35, Series A no. 207, и Yağcı and Sargın v. Turkey, 8 June 1995, § 50, Series A no. 319‑A).
89. Судската пракса на Судот сè уште немала прилика да разгледа дали во многу раната фаза од притворот во овој контекст, веројатно како во голем број на случаи, постоењето на сомнеж обезбедува доволен основ за притвор и не постоењето на можност за кауција нуди сериозна можност за оспорување. Меѓутоа не постои сомнеж дека мора да постои можност за судско разгледување на ослободувањето додека се чека на судење, бидејќи дури и во оваа фаза ќе има случаи во кои природата на делото или личните околности на осомничениот сторител се такви што го прават притворот неразумен или непоткрепен од релевантни или доволни основи. Не постои изречен услов за „брзина“ како во првата реченица од став 3 од членот 5. Меѓутоа, таквото разгледување, на барање било од страна на жалителот или од страна на судијата по сопствен предлог, мора да се случи со потребната експедитивност, со цел да се сведе неоправданото лишување од слобода на прифатлив минимум (види МекКеј, цитиран горе, § 46).
90. Со цел да се обезбеди дека гарантираното право е практично и делотворно, а не теоретско и илузорно, тоа не е само добра пракса, туку и крајно пожелна за да се минимизира одлагањето, дека судскиот службеник кој го спроведува првото автоматско разгледување на законитоста и постоењето на основ за притвор исто така ја има надлежноста да размисли за ослободување со кауција. Меѓутоа тоа не е услов од Конвенцијата и нема причина во принцип зошто на прашањата не можат да одговорат два судски службеника во рамките на утврдениот временски рок. Во секој случај, како прашање на толкување, не може да се бара испитувањето на кауцијата да се случи побрзо отколку што тоа се бара од првото автоматско разгледување, што Судот го идентификувал како максимум од четири дена (види Броган и други, цитиран горе).
(б) Примена на општите принципи во актуелниот случај
(α) Дали жалителите биле изнесени брзо пред судија или друг судски службеник со што биле задоволени условите од членот 5 § 3 од Конвенцијата?
91. Иако, како што е забележано горе (во параграф 80), „надлежниот судски орган“ во став 1 (в) од членот 5 § 3 е да се земе како синоним на „судија или друго службено лице овластено со закон да извршува судска надлежност“ во ставот 3, не следи дека судските тела за спроведување на различни судски функции уредени со двете одредби мора неопходно да се идентични. Напротив, во својата судска пракса Судот во повеќе прилики има нагласено дека конкретната цел на првиот дел од членот 5 § 3 е ограничен на тоа да се обезбеди притвореното лице да е изнесено брзо пред судскиот орган со овластување да ја оцени законитоста на апсењето, да ја разгледа основаноста на притворот, и да нареди ослободување доколку континуираниот притвор бил незаконски. Кога е ваков случајот, Судот одлучува дека условите што се наметнати од овој прв дел од членот 5 § 3 треба да бидат задоволени. Соодветно на тоа, тој смета дека точното прашање во овој случај не е дали жалителите требале да бидат изнесени пред Понизок суд, судски орган на Северна Ирска пред кој еден обвинет треба да се изнесе како прво појавување по кривичното обвинение, туку дали тие всушност биле изнесени пред судија или друго службено лице кое го задоволувал условот од првиот дел на членот 5 § 3 од Конвенцијата во врска со првичното лишување од слобода од типот опфатен со членот 5 § 3 (в).
92. Пред да се упати ова прашање, Судот забележува дека за време на нивниот притвор жалителите двапати биле изнесени пред посебно назначен судија на Окружниот суд: четириесет и осум часа после нивното апсење, кога ДЈО поднел барања за налози за продолжување на притворот согласно ставот 29 од Листата 8 и пет дена подоцна, кога ДЈО поднел барања согласно ставот 36 од Листата 8 за продолжување на овие налози (види параграфи 6-8 и 33 горе). Иако беше налогот од ставот 36 кој жалителите последователно го оспорија преку судско разгледување, Вишиот суд одлучил дека ставот 32, кој ги утврдува основите за одобрување на налог за продолжување на притворот, требал да биде протолкуван во согласност со членот 5 § 3 од Конвенцијата (види параграфи 19 и 21 горе). Затоа Судот ќе постапи по основ дека нема разлика во надлежноста на судијата од ставот 29 и на судијата од ставот 36.
93. Што се однесува до барањето за „брзина“, Судот забележува дека во актуелниот случај жалителите биле возрасни кои биле изнесени пред судија во рок од четириесет и осум часа од нивното апсење под сомнеж дека извршиле сериозно кривично дело поврзано со тероризам. Со оглед на принципите утврдени во ставовите 77 и 78 горе, Судот прифаќа дека биле изнесени пред судија „брзо“.
94. Вториот услов од членот 5 § 3 е дека првото појавување на задржаното лице пред судски службеник треба да биде автоматско. Во актуелниот случај жалителите не го тврделе спротивното. Полициските службеници согласно ставот 29 од Листата 8 од Законот од 2000 година требале да се обратат до судија на Окружниот суд за да го продолжат првичниот период на притворот после првите четириесет и осум часа (види параграф 32 горе); жалителите затоа не можеле да бидат задржани повеќе од четириесет и осум часа без прво да се појават пред судија.
95. Трето, Судот во повеќе наврати има одлучено дека судскиот службеник во членот 5 § 3 од Конвенцијата мора да ги понуди задолжителните гаранции за независност од извршната власт и партиите; тој или таа мора да може да ја испита законитоста и оправданоста на апсењето и притворот (да вклучи разгледување на околностите кои зборуваат во корист или против притворот со цел да се одлучи дали постоеле причини да се оправда притворот); и доколку немало доволно причини да се оправда притворот, тој или таа мора да имаат овластување да издадат налог за ослободување.
96. Постоела согласност дека судијата на Окружниот суд бил независен. Затоа двете главни прашања на кои треба да се осврне Судот се: прво дали таа имала доволна јурисдикција да ја испита законитоста на притворот на жалителите; и второ, дали таа го поседувала неопходното овластување да издаде налог за нивно ослободување.
97. Иако Вишиот суд одлучил дека ставот 32 морал да се толкува во согласност со членот 5 § 3 (види параграфи 19 и 21 горе), жалителите се осврнуваат на прашањето со неговата последователна сугестија дека испитувањето на законитоста на апсењето не мора да вклучува детална анализа на основот за одлуката за апсење и треба да ги отслика ограничувањата кои неопходно се применуваат во повеќе апсења за кривични дела поврзани со тероризам.
98. Судот забележува дека насоките дадени од Вишиот суд се дадени во апстрактот и како такви тој не можел да види како ќе бидат применети од домашните судови во пракса. Сепак во принцип Судот не гледа ништо во одлуката на Вишиот суд што би било спротивно на неговата сопствена јуриспруденција. Особено, забележува дека во претходните случаи се откажал од дефинирање на точната содржина и/или формата на анализа која се бара во членот 5 § 3; наместо тоа само едноставно изјавил дека судскиот службеник морал да може да ја испита законитоста и оправданоста на апсењето и притворот, да ги разгледа околностите кои зборуваат во корист или против притворот, вклучително и постоењето на разумен сомнеж, и да одлучи дали постојат причини кои го оправдуваат притворот. Исто така, како што е забележано горе (во параграф 83), иако се вели дека властите немаат целосна слобода кога истражуваат кривични дела на тероризам, тој конкретно ги признава посебните проблеми кои истрагата на такви дела честопати ги изнесува пред властите. Затоа, во однос на доказите изнесени пред него, Судот не може да се согласи со жалителите дека разгледувањето предвидено од страна на Вишиот суд како инхерентно во оспорениот законски пропис не значи дека нема да е во согласност со стандардот што се бара од членот 5 § 3 од Конвенцијата.
99. Во овој случај Вишиот суд, иако ги поништил продолжувањата на притворот на судијата на Окружниот суд на сметка на тоа дека таа не се осврнала првично на законитоста на самото апсење, бил задоволен дека судијата на Окружниот суд не пропуштила да се осврне на потребата од притвор како основа за издавање на налог и дека нејзината одлука била соодветно образложена (види параграфи 19-20 горе).
100. Што се однесува до прашањето дали судијата на Окружниот суд имала овластување да нареди ослободување во случај на незаконско апсење или задржување, Судот потсетува дека иако во Законот од 2000 година не е наведено такво изречно овластување, во актуелниот случај Вишиот суд прифатил дека со оглед дека одредбите од тој Закон морале да бидат прочитани во согласност со барањата од членот 5 § 3 од Конвенцијата, судијата на Окружниот суд мора да има овластување да нареди ослободување доколку немало законска основа за самото апсење или продолжениот притвор (види параграфи 19 и 21 горе). Дополнително забележува дека кога не се бара или не е одобрен налог (или дополнителен налог), лицето мора да биде ослободено со оглед дека не постои никаков законски основ за продолжување на притворот.
101. Жалителите сугерираа дека судијата на Окружниот суд исто така требала да има овластување да нареди условен отпуст. Меѓутоа како што е забележано во параграф 84 горе, во судската пракса на Судот не е поткрепено тврдењето на жалителите дека судскиот орган што го врши првото разгледување на лишувањето од слобода требал да има овластување да издаде налог за условен отпуст. Судот кажал во случајот МекКеј (цитиран горе, § 47) дека би било „крајно пожелно за судскиот службеник кој го врши првото автоматско испитување на законитоста исто така да е надлежен да одлучи за ослободување со кауција заради причини различни од незаконитоста на притворот или постоење на разумен сомнеж дека жалителот извршил кривично дело, но нагласил дека ова не било услов од Конвенцијата и не постоела во принцип причина зошто со овие прашања да не можеле да се занимаваат двајца судски службеници.
(β) Дали требало да постои можност за условен отпуст за време на периодот на притвор на жалителите?
102. После првото разгледување на нивното задржување жалителите останале во полициски притвор уште дополнителни десет дена. Иако по втор пат биле изнесени пред судија на Окружниот суд откако биле задржани седум дена, прифатено е дека во ниеден момент за време на нивното задржување тие не биле изнесени пред судија со овластување да нареди условен отпуст. Жалителите затоа се жалеле дека што се однесува до тоа дека шемата во Листата 8 од Законот од 2000 година дозволувала тие да бидат задржани максимум дваесет и осум дена без да бидат обвинети, во кој период не морало да се разгледа можноста за условен отпуст, тоа не било некомпатибилна со членот 5 § 3 од Конвенцијата.
103. Судот не може да ја оцени шемата согласно Листата 8 in abstract; наместо тоа мора да се ограничи на фактите од случајот пред него. Затоа, иако жалителите можеле да бидат задржани максимум дваесет и осум дена, не може да се занемари фактот дека во актуелниот случај тие биле ослободени после дванаесет дена. Исто така, не го смета отсуството на некакво евентуално обвинение како материјално; ништо во членот 5 § 3 не сугерира дека притворените лица мора да бидат обвинети за кривично дело за нивниот притвор да е во согласност со таа одредба (Броган, цитиран горе, § 53).
104. Како што е забележано во ставот 75 горе, членот 5 § 3 структурно се занимава со две посебни работи кои доделуваат посебни права и кои не се времено поврзани: раните фази после апсењето под сомнеж дека извршиле кривично дело, и периодот додека се чека на судење пред кривичен суд, за кое време поединецот може да биде задржан или ослободен со или без наметнување на одредени услови (види T.W. v. Malta, цитиран горе, § 49, McKay, цитиран горе, § 31 и Medvedyev v. France, цитиран горе, § 119). За време на првичната фаза согласно првиот дел од членот 5 § 3, притворот на лицето може да биде оправдан од постоењето, сам по себе, на „разумен сомнеж“ дека извршил кривично дело. Меѓутоа, истрајноста на сомнежот нема да е доволна за да оправда, откако ќе измине одредено време, продолжување на притворот, иако Судот не се обидел да го трансферира овој концепт во фиксен број на денови, недели, месеци или години, или во различни периоди во зависност од сериозноста на делото (Stögmüller v. Austria, цитиран горе, § 4). Затоа Судот во овој случај треба да одлучи дали жалителите цело време биле задржани согласно првиот дел од членот 5 § 3, или дали во даден момент нивното продолжено лишување повеќе не можело да биде оправдано со постоење на „разумен сомнеж“.
105. Во овој случај жалителите биле задржани дванаесет дена, што било релативно краток временски период. Како таков, Судот смета дека тие цело време биле во „раните фази“ од лишувањето од слобода, кога нивното задржување можело да се оправда со постоење на разумен сомнеж дека извршиле кривично дело; затоа не било неопходно да се разгледува можноста за нивен условен отпуст за време на овој период.
106. Во секој случај Судот забележува дека за време на периодот на нивното задржување биле воспоставени низа заштитни мерки за да се заштитат жалителите од своеволен притвор. Најпрво, согласно шемата од Листата 8 судијата можел да го продолжи притворот максимум седум дена, а севкупниот период не можел да надмине дваесет и осум дена. Пред да се дозволи некакво продолжување судијата морал да биде задоволен дека постоеле разумни основи да верува дека понатамошното задржување било неопходно и дека истрагата била спроведена на ревносен и експедитивен начин (види параграф 36 горе). Понатаму, после пресудата на Вишиот суд, судијата исто така морал да биде задоволен дека апсењето било законско и да ја земе во предвид основаноста на притворот. Иако во одредени случаи лицата лишени од слобода и/или нивните претставници можат да бидат исклучени од рочиштето, во овој случај првиот жалител дал докази под заклетва за време на првото разгледување, а аргументите од двата жалители биле чуени за време на второто разгледување (види параграф 8 горе). Конечно, жалителите можеле да го оспорат нивното продолжено задржување по пат на судско разгледување.
107. Построга заштита постоеле за секакво продолжување кое ќе го продолжи притворот после четиринаесет дена; меѓутоа тоа не било неопходно во актуелниот случај бидејќи жалителите биле ослободени после дванаесет дена.
108. Во контекст на факторите дадени горе, Судот не смета дека отсуството на можноста за условен отпуст за време на периодот кога жалителите биле лишени од слобода претставува некаков проблем во однос на членот 5 § 3 од Конвенцијата.
(γ) Заклучок
109. Сето ова што е претходно разгледано е доволно за да му се овозможи на Судот да заклучи дека со притворот на жалителите согласно Листата 8 од Законот од 2000 година не бил прекршен членот 5 § 3 од Конвенцијата.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО,
1. Ги спојува жалбите бр. 26289/12 и 29891/12 поднесени по тој редослед од страна на првиот и третиот жалител;
...
5. Одлучи дека немало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата.
Изготвена на англиски јазик, и доставена на писмено на 12 мај 2015 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Франсоаз Еленс-ПасосПаиви Хирвела
Секретар Претседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights ( ) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy