© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ВТОР ОДДЕЛ
CЛУЧАЈ MAGYAR KERESZTÉNY MENNONITA EGYHÁZ И ДРУГИ против УНГАРИЈА
(Жалби бр. 70945/11, 23611/12, 26998/12, 41150/12, 41155/12, 41463/12, 41553/12, 54977/12 и 56581/12)
ПРЕСУДА
(Мериторна)
[Извадоци]
СТРАЗБУР
8 април 2014 година
Оваа пресуда ќе стане конечна под условите предвидени во член 44, став 2 од Конвенцијата. Пресудата може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Magyar Keresztény Mennonita Egyház и други против Унгарија,
Европскиот суд за човекови права (Втор оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Гвидо Раимонди, Претседател,
Ишал Каракаш,
Андраш Шајо,
Небојша Вучиниќ,
Хелен Келер,
Егидијус Курис,
Роберт Спано, судии,
и Стенли Неисмит, Секретар на оддел,
Откако расправаше на затворена седница на 18 февруари 2014 година,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на истата дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со девет жалби (бр. 70945/11, 23611/12, 26998/12, 41150/12, 41155/12, 41463/12, 41553/12, 54977/12 и 56581/12) против Република Унгарија поднесени до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на повеќе верски заедници кои биле наводно активни во Унгарија, нивни свештени лица и членови, на 16 ноември 2011, 3 и 24 април, 25 и 28 јуни, и на 19 и 29 август 2012 година.
2. Жалителите ги застапуваа г-н Д. Каршаи (жалби бр. 70945/11, 23611/12, 26998/12, 41150/12, 41155/12, 41463/12 и 56581/12), г-н Л. Балтај (жалба бр. 41553/12) и г-н Ч. Тордаи (жалба бр. 54977/12), адвокати од Будимпешта и Ѓал.
Унгарската Влада („Владата“) ја застапуваше г-н З. Талоди, агент, Министерство за јавна администрација и правда.
3. Жалителите тврдеа по основ на член 11 во врска со член 9 и член 14 од Конвенцијата дека пререгистрирањето и дискреционото регистрирање на црквите претставувало повреда на нивното право на слобода на религија и дека било дискриминирачко. По основ на член 6 и член 13, тие тврдеа дека релевантната постапка била неправична и дека не им бил достапен ефикасен правен лек. Неколку жалители исто така тврдеа дека имало повреда на член 1 од Протокол бр. 1, поради загубата на државни субвенции откако го изгубиле статусот на регистрирана верска заедница.
4. На 27 септември 2012 година жалбите беа комуницирани до Владата.
5. Во однос на жалбата бр. 41463/12, Владата на Обединетото Кралство не го употреби своето право согласно член 36, став 1 од Конвенцијата да достави писмени опсервации во случајот.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
6. Жалителите се верски заедници и физички лица. Жалителите верски заедници најпрво постоеле и законски дејствувале во Унгарија како цркви регистрирани пред надлежен суд во согласност со Законот бр. IV oд 1990 година („Законот за цркви од 1990 година“).
...
16. Освен признатите цркви наброени во додатокот на Законот за цркви од 2011 година, сите останати верски заедници претходно регистрирани како цркви го изгубиле нивниот статус на црква, но можеле да продолжат да дејствуваат како здруженија. Доколку имале намера да продолжат да дејствуваат како цркви, верските заедници биле должни да се обратат до Парламентот за да бидат поединечно признати како такви.
18. Во одлука бр. 6/2013 (III. 1.), Уставниот суд одлучил дека определени одредби од Законот за цркви од 2011 година се противуставни и ги поништил со ретроактивно дејство.
Во меѓувреме, неколку жалители испратиле барања до надлежниот Министер да ги регистрира како цркви, но тие барања биле одбиени од причина што, и покрај одлуката на Уставниот суд, Законот за цркви од 2011 година не го дозволувал бараното регистрирање.
19. После одлуката на Уставниот суд, неколку жалители се обратиле до Националната даночна и царинска управа (НДЦУ), барајќи повторно да им се издаде даночен број со цел и натаму да имаат право на еден процент од данокот на личен доход кој даночните обврзници може да го донираат на цркви. НДЦУ ја прекинала постапката и ги повикала жалителите да иницираат постапка за регистрација пред Парламентот. Според жалителите, тоа покажувало уште едно занемарување на одлуката на Уставниот суд.
20. Неколку цркви од жалителите успеале да го вратат нивниот статус на црви врз основа на одлуката на Уставниот суд.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
A. Преглед на измените на релевантните закони
21. Од 12 февруари 1990 година до 31 декември 2011 година верските активности биле регулирани со Законот бр. IV oд 1990 година („Законот за цркви од 1990 година“), во кој се дефинирани верските заедници со над 100 членови како цркви.
22. Од 1 јануари 2012 година, Законот за црквите од 1990 година бил заменет со Законот бр. CCVI oд 2011 година („Законот за цркви од 2011 година“). Согласно новиот закон, верските заедници можеле да постојат или како цркви или како здруженија кои вршат верски активности („верски здруженија“ согласно терминологијата употребувана од Уставниот суд). Единствените субјкети кои се квалификувале како цркви биле тие кои биле наведени во додатокот на Законот за цркви од 2011 година како и оние субјекти кои биле утврдени како цркви од страна на Парламентот под определени услови, на почетокот до 29 февруари 2012 година. Уставната основа за овој начин на регулирање била предвидена во член 21 (1) oд преодните одредби на Основниот закон, кој на Парламентот му ја доверил надлежноста да ги идентификува признатите цркви во релевантниот закон и да утврди критериуми за признавање на цркви кои може да бидат дополнително признати во иднина. Црквите кои претходно биле регистрирани можеле по нивно барање да бидат пререгистрирани во здруженија и да ги извршуваат своите активности како такви, сепак, согласно новите одредби тие немале право на субвенции од државниот буџет. Претходно (согласно Законот за цркви од 1990 година) имало 406 регистрирани цркви, додека пак во додатокот на Законот од цркви од 2011 година имало само четиринаесет такви цркви. Додатокот, во сила од 1 март 2012 година, наборјува дваесет и седум цркви и црковни сојузи, така што вкупно имало триесет и две цркви. Според информациите објавени од даночната управа, овие триесет и две цркви не биле триесет и двете цркви со најголема поддршка доколку таа се мери по бројот на даночни обврзници кои даваат доброволни донации од данокот на личен доход во нивна полза.
На 28 декември 2012 година Уставниот суд ги укинал, помеѓу останатите одредби, тие правила од преодните одредби на Основниот закон со кои на Парламентот му се дава овластување да ги идентификува регистрираните цркви. На 26 февруари 2013 година Уставниот суд исто така ги укинал тие одредби од Законот за цркви од 2011 година врз основа на кои, по сила на закон, на жалителите им бил одземен статусот на црква.
23. Делумно како одговор на горенаведените одлуки на Уставниот суд, надлежноста на Парламентот да доделува посебен статус на црква била повторно воведена во самиот Основен закон, конкретно четвртиот амандман, кој стапил на сила на 1 април 2013 година. Со тоа биле воведени изразите „цркви“ и „други организации кои вршат верски активности“, каде црквите биле дефинирани како организации со кои државата соработува за унапредување на целите на заедницата и кои државата ги признава како такви. На сличен начин, согласно одредбите на Законот за цркви од 2011 година со измените кои стапиле на сила на 1 август 2013 година, во моментот се употребува изразот „верски заедници“, под што се подразбираат „регистрирани цркви“ (bevett egyház) како и „организации кои вршат верски активности“ (vallási tevékenységet végző szervezet). Сепак, сите овие субјекти имаат право да го користат зборот „црква“ (egyház) во нивните називи.
24. Согласно важечките одредби, за една верска заедница да стане „регистрирана црква“ таа мора да докаже дека постои сто години на меѓународно ниво или дека дејствувала во Унгарија дваесет години на организиран начин и мора да докаже дека има членство кое е најмалку
0.1 процент од вкупното население. Понатаму, верската заедница мора да ја докаже својата намера и долгорочна способност да соработува со државата во унапредувањето на цели од јавен интерес. Од друга страна, група на поединци може да стане „организација која врши верски активности“ ако има најмалку десет членови и е регистрирана како таква пред надлежен суд.
25. Петтиот амандман на Основниот закон (кој стапил на сила на 1 октомври 2013 година) требало да го нагласи, исто така на уставно ниво, начелото дека секој има право да основа специјални правни субјекти („верски заедници“) за извршување на верски активности, и дека државата може да соработува со некои од тие заедници за унапредување на цели од јавен интерес, давајќи им статус на „регистрирана црква“. За да се изрази изедначеноста на изразите „регистрирани цркви“ и „други организации кои вршат верски активности“ во смисла на слобода на вероисповест, тие термини биле заменети со „верски заедници“ низ целиот текст на Основниот закон.
Сепак, согласно важечки одредби во унгарското право, регистрираните цркви и натаму имаат привилегиран третман, посебно во областа на оданочувањето и субвенциите. Поконкретно, само регистрирани цркви имаат право на еден процент од данокот на личен доход кој го донираат граѓаните и на соодветната државна субвенција. Понатаму, во одлуката бр. 6/2013 (III. 1.), Уставниот суд утврдил, во листа која не е исцрпна (види точки 158 до 167 oд одлуката во параграф 34 подолу), неколку активности чие извршување е потпомогнато - во правна, економска, финансиска и практична смисла – од страна на законодавецот во случајот со регистрирани цркви, но не и во случајот на други верски заедници: во тие примери спаѓаат верското образование и манифестации на верата во државни институции, управување со гробишта, вклучителни и закопи по верски обичаји, објавување на верски публикации и изработка и маркетинг на предмети од религиозен карактер.
И покрај фактот што жалителите номинално го вратиле својот правен статус, тие немаат привилегиран статус од овој вид, кој е достапен само на регистрираните цркви.
...
ПРАВО
....
II. НАВОДНИ ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 9 И ЧЛЕН 11 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
44. Жалителите се жалеа по основ на член 11 од аспект на член 9 дека губењето на статус на црква и повторната регистрација претставувале повреда на нивното право на слобода на религија и нивното право на слобода на здружување.
45. Судот забележува дека во случај во кој одлучуваше неодамна, предмет на разгледување беше сличен жалбен навод, во врска со одбивањето за повторно регистрирање на верска организација, од гледна точка на член 11 од Конвенцијата од аспект на член 9 (види Moscow Branch of the Salvation Army v. Russia, бр. 72881/01, параграфи 74 и 75, ECHR 2006‑XI). Судот смета дека е соодветно да го примени истиот пристап и во предмет по која сега одлучува:
46. Член 9 предвидува:
„1. Секој има право на слобода на мислите, совеста и верата. Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, како и слободата за изразување на својата вера или убедување, сам или заедно со другите, јавно или приватно, преку богослужба, поука, верски учења, верски обреди и ритуали.
2. Слободата за изразување на својата вера или на своите убедувања може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат мерки во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на други, неопходни во едно демократско општество.“
Член 11 предвидува:
„1. Секој има право на слобода на мирно собирање и здружување со други, вклучувајќи го и правото да основа синдикати и да им се придружува на синдикатите за заштита на своите интереси.
2. Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на други. Со овој член не се забранува наметнување законски ограничувања за припадниците на оружените сили, полицијата или државната администрација. “
47. Владата го оспори тој аргумент.
...
Б. Основаност на жалбата
1. Аргументи на странките
(a) Владата
57. Владата истакна дека актите и настаните кои се предмет на жалба не претставувале мешање во правото на жалителите на слобода на религија и правото на слобода на здружување.
58. Најпрво, Владата воочи дека регистрирањето како црква согласно Законот за цркви од 2011 година не влијаело врз различните права поврзани со слободата на религија, имено, правото на слобода на совест и религија, правото да се манифестира религијата во заедница со другите, слобода од дискриминација по основ на религија или уверување, правото на родителите да обезбедат образование во согласност со нивните убедувања, правото на слобода на религија во образованието, социјална грижа и грижа за деца во казнени установи, слобода да се пренесуваат верските убедувања преку медиумите и заштита на личните податоци во врска со својата религија. Спротивно на наводите на жалителите, овие права, кои биле суштински елементи на слободата на религијата, не биле резервирани само за регистрираните цркви и нивните следбеници.
59. Второ, Владата истакна дека, спротивно на другите случаи разгледани од Судот, посебно Moscow Branch of the Salvation Army (цитиран погоре, параграфи 96-97), правниот субјективитет на верските заедници кои се жалители во овој случај не е доведен во прашање. Жалителите не го оспорија фактот дека не им е одземен правниот субјективитет. Тие не биле распуштени и задржале целосна правна способност како правни лица. Нивниот правен субјективитет по основ на закон бил трансформиран во друг облик без да има период во кој биле без субјективитет. Затоа, немало мешање во правата на жалителите ни по член 9 и член 11 во овој поглед.
60. Владата понатаму тврдеше дека слободата да се манифестира религијата или уверувањето од член 9 на верските заедници жалители во овој случај или на нивните членови, не им давала право да добијат дополнителни финансиски средства од државниот буџет. Исто така таа слобода на подразбирала право на државни субвенции кои им се исплаќаат на црквите како такви. Затоа, губењето на таквите субвенции не можело да се смета за мешање во правата со член 9 од Конвенцијата.
61. Владата исто така истакна дека, дури и ако спорниот Закон за цркви од 2011 година можел да се смета за мешање, тој бил донесен со двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници во Парламентот. Аргументот на жалителите дека Законот за цркви од 2011 година била противуставен не бил потврден од Уставниот суд. Тие одредби од Законот за црвки од 2011 кои биле прогласени за противуставни не влијаеле врз ситуацијата на жалителите, додека пак останатите спорни одредби не биле прогласени за неуставни.
62. Понатаму, наводното мешање служело за остварување на легигимната цел заштита на јавниот ред и правата и слободите на другите. После влегувањето во сила на Законот бр. CXXVI oд 1996 година употребата на конкретен процент од данокот на личен доход во согласност со желбата на даночните обврзници и ватиканскиот договор од 1997 година со кој се регулира државното финансирање на црковни активности, Законот за цркви од 1990 година довел до непредвидени злоупотреби кои не можеле да се спречат со правниот систем создаден со Уставот од 1989 година. Новиот закон бил донесен со цел да се стави крај на таканаречените „црковни бизниси“, каде се основале цркви само со цел да се добијат државни субвенции за одржување на институции за социјални грижи или образование, или дури и за лична добивка, без да се вршат вистински верски активности. До крајот на 2011 година, било апсурдно што имало 406 регистрирани цркви во Унгарија. Со оглед на ограничените буџетски средства на државата и паралелното намалување на бројот на организации кои навистина вршат црковки активности, имало неодложна општествена потреба [pressing social need] да се стави крај на злоупотребата на црковни субвенции.
63. Понатаму, континуираната реформа на општиот систем на финансирање на социјални и образовни установи исто така наложувала измени на системот на државно финансирање на таквите установи управувани од верските заедници. Затоа, имало неодложна општествена потреба за измена на одредбите за регистрација на црквите.
64. Додека со Законот за цркви од 2011 година се задржувал принциот дека државата ќе се воздржи од мешање во тоа како верските заедници се дефинираат себеси во теолошка смисла, со него се дефинирал поимот на верски активности во смисла на регистрирање на црквите како учесници на односи помеѓу државата и црквата од исклучиво правен аспект. Унгарското законодавно тело вовело двостепен систем за стекнување на статус на правно лице на верските заедници сличен на моделот кој преовладувал во повеќе европски држави. Верските заедници кои се сметаат себеси за такви можеле да дејствуваат како здруженија согласно член 9 и член 11 од Конвенцијата, додека пак оние верски заедници кои сакале да имаат специјален однос со државата и со неа да ги делат општествените одговорности требало да поминат низ проверка на карактерот на нивните активности од страна на надлежните органи.
65. Владата тврдеше дека нејзиниот пристап бил во согласност со судската практика заснована на Конвенцијата, посебно во случаи каде Судот се повикал на позицијата на домашните органи при дефинирањето на „религија“ во смисла на регистрација на верски заедници (Владата се повика на Кимлја и други против Русија, бр.. 76836/01 и 32782/03, § 79, ECHR 2009). Затоа, дефиницијата на верски активности дадена со Законот од црква од 2011 година и оцената за верскиот карактер на дадена организација направена од државни органи не биле спротивни на член 9 од Конвенцијата. Законот за цркви од 2011 година бил во согласност со обврските за неутралност и непристрасност затоа што не бил заснован на конкретни карактериситки на дадена регигија и бил погоден за да осигура признавање на повеќе цркви кои претставуваат широк спектар на религии и верски убедувања.
66. Претходната регистрација како црква во Унгарија не требала да се смета за одлучувачка за признавањето на верскиот карактер на определена организација од страна на државните органи, затоа што регистрирањето на верска организација како црква согласно Законот за цркви од 1990 година било засновано исклучиво на самоопределувањето на основачите на организацијата, без потоа државните органи да прават оцена. Таква оцена била воведена со Законот за цркви од 2011 година, со цел да се спречат злоупотреби кои произлегуваат од прекумерна флексибилност кон самоопределувањето.Уставниот суд, во одлука бр. 6/2013 (III. 1.), говорел за пример кога судските органи надлежни за регистрирање на цркви согласно Законот за цркви од 1990 година го преиспитувале верскиот карактер на активностите дефинирани во статутите на самоопределените цркви кои бараат регистрација, сепак, тоа преиспитување не било систематско и немало дефиниција во законот на поимот религија и верски активности, затоа постоела неусогласена судска пратика во оваа област. Со оваа одлука на Уставниот суд само се појаснувало дека, спротивно на наводите на жалителите, на државните органи не им било забрането да проверуваат дали декларираните уверувања и практиките во пракса на идна или постоечка црква биле навистина од верски карактер. Од друга страна, Уставниот суд одлучил дека треба да се воведат дополнителни процедурални гаранции за вршењето на таа надлежност од страна на државните органи.
67. Владата ијави дека, и покрај заклучоците на Уставниот суд во врска со недостатоците на процедуралните гаранции, материјалната оцена на верскиот карактер на активностите на дадена организација се вршела неутрално и непристрасно согласно Законот за цркви од 2011 година. Законодавното тело најпрво имало намера да добие мислење од независна установа, Унгарската академија на науки, како и во поглед на процедурата на признавање на национални малцинства. Кога академијата одбила на државните органи да им даде стручно мислење во релевантните области, парламентарниот комитет за верски прашања одлучил да побара насоки од независни и веродостојни експерти, и ја засновал својата одлука за тоа дали верски учењате на организацијата кандидат за црква се од верски карактер на тоа дали таа било меѓународно призната или не. Со оглед на фактот дека Судот исто така се повикувал на европски консензус како водечки принцип при дефинирањето на поимот религија, овој пристап на унгарските власти според Владата не можел да се смета за арбитререн или дека е надвор од нивната слободна оцена.
68. Што се однесува на пропорционалноста на мерките применети за да се постигнат споменатите цели, Владата беше на мислење дека методот на „пререгистрација“ предвиден во Законот за цркви од 2011 година бил најнерестриктивната можна мерка и затоа таа била и пропорционална на целите кои со на требало да се остварат. Со тоа не се ставал несразмерен товар врз верските организации: тие биле должни само да поднесат едноставна декларација дека имаат намера да ги продолжат нивните верски активности и да направат помали промени на нивните статути со цел да го задржат правниот субјективитет. Тие исто така и натаму можеле да го вратат нивниот статус на црква во едноставна постапка за нивно признавање од страна на Парламентот.
(б) Жалителите
69. Жалителите истакнаа дека загубата на нивниот статус на црква како последица на Законот за цркви од 2011 година претставувала мешање во нивната слобода на религија. Правилното функционирање на верски заедници наложувало уживање на посебен и соодветен правен статус, што значи, црковен статус во правна смисла. Во Унгарија, верските заедници имале разумна можност да бидат регистрирани како цркви од 1990 година, а жалителите и навистина имале таков статус. Фактот што на 1 јануари 2012 година големото мнозинство на цркви (вклучително и нивните) го изгубиле статусот на црква и биле принудени да се пререгистрираат во обични граѓански здруженија или да престанат правно да постојат сам по себе претставувал мешање во нивната слобода на религија, посебно затоа што со загубата на статусот на црква ги загубиле привилегиите кои ги олеснувале нивните верски активности. Фактот дека тие привилегии оттогаш па натака биле гарантирани само на цркви признати од Парламентот ги ставал во ситуација која била значително неповолна vis-à-vis тие цркви.
70. Жалителите тврдеа дека нивното право на слобода на религија го содржело очекувањето дека на членовите ќе им се дозволи слободно да се здружуваат без мешање од државата. Затоа, на државата не ѝ било дозволено арбитрерно да ги регулира односите држава-црква, секое мешање во таа област морало да биде предвидено со закон, да служи за легитимна цен и да биде неопходно во демократско општество. Условите за регистрирањето на цркви морало да бидат објективни и разумни, затоа што во ова прашање државата била должна да остане неутрална и непристрасна. Поради тоа, доколку некоја верска заедница ги исполнувала законските услови таа морала да има право да биде регистрирана како црква, а постапката за регистрација морала да нуди гаранции за правичност.
71. Сепак, условите и постапката за пререгистрација на црквите не само што станале построги во споредба со системот превиден со Законот за цркви од 1990 година, туку исто така станале и многу оптоварувачки и неправични, овозможувајќи му на Парламентот арбитрерно да ги спречи нивните обиди за пререгистрација, врз основа на политички проценки.
72. Што се однесува на условот кој наложува воспоставено постоење подолг временски период, жалителите истакнаа дека тој бил објективен, но сепак тврдеа дека овој критериум бил неразумен. Тие посочија дека комунистичкиот режим паднал пред околу дваесет години во Унгарија. Пред тоа, тешко дека било можно нови верски движења да се основаат и да постојат во земјата. Затоа, речиси сите нови верски организации биле исклучени од привилегиите кои одат произлегуваат од добивањето статус на „црква“, спротивно на член 9.
73. Покрај тоа, Законот за цркви од 2011 година исто така содржел помалку објективни критериуми, посебно условот дека дејствувањето на верската заедница на треба да претставува закана за националната безбедност и дека нејзините принципи не треба да го повредуваат правото на здравје, заштитата на животот или човековото достоинство. Барањата за пререгистрација поднесени од жалителите биле одбиени иако немало докази дека тие се закана за државата или јавниот ред.
74. Со оглед на горенаведеното, жалителите нагласија дека, согласно Законот за цркви од 2011 година, на верска заедница можело да ѝ се одбие барање за регистрација дури и ако ги исполнувале важечките објективни критериуми, ситуација која укажувала на арбитрерност.
2. Оцена на Судот
(a) Општи принципи
75. Судот повторува дека, слободата на мислата, совеста и религијата заштитена со член 9 е една од основите на „демократското општество“ во смисла на Конвенцијата. Иако верската слобода е пред сѐ прашање на совеста на поединецот, таа исто така подразбира слобода „да се манифестира својата религија самостојно и во приватност или во заедница со другите, во јавност и во кругот на лицата со иста вероисповест. Потврдата, со зборови и дела е поврзана со постоењето на верски убедувања (види, Кокинакис против Грција, 25 мај 1993 година, параграф 31, издание бр. 260, и Бускарини и други против Сан Марино [ГСC], бр. 24645/94, парагараф 34, ECHR 1999-I).
76. Судот не смета дека е потребно да одлучи in abstracto дали актите на формално регистрирање на верски заедници претставуваат мешање во правата заштитени со член 9 од Конвенцијата. Сепак, Судот нагласува дека државата има должност да остане неутрална и непристрасна при вршењето на својата моќ на регулирање во сферата на верска слобода и во нејзините односи со различни религии, вери и уверувања (види Метрополитанска црква во Бесарабија, [бр. 45701/99, ECHR 2001‑XII], параграф 116, and Religionsgemeinschaft der Zeugen Jehovas, [бр. 40825/98, 31 јули 2008], параграфи 97). Факти кои покажуваат дека надлежните органи не останале неутрални во вршењето на нивните надлежности во овој домен мора да доведат до заклучок дека државата се мешала во слободата на верниците да ја манифестираат нивната религија во смисла на член 9 од Конвенцијата. Судот повторува дека, освен во многу исклучителни случаи, правото на слобода на религија гарантирано со Конвенцијата исклучува секаква дискрециона слобода на државата да утврдува дали верските уверувања или начините за нивно изразување се легитимни (види Хасан и Чауш [против Бугарија [ГСC], бр. 30985/96, ECHR 2000-XI], параграфи 77‑78). Всушност, должноста на државата да биде неутрална и непристрасна, дефинирана во судската практика на Судот, е некомпатибилна со секоја надлежност на државата да ја оценува легитимноста на верските уверувања (види Метрополитанска црква во Бесарабија, цитиран погоре, параграф 123).
77. Во овој контекст, член 9 мора да се толкува од аспект на член 11 од Конвенцијата, кој го штити здружувањето од неоправдано мешање на државата. Судот потсетува на своите заклучоци во случајот Хасан и Чауш (цитиран погоре, параграф 62):
„Судот потсетува дека верските заедници традиционално и универзално постојат во облик на организирани структури. Тие следат правила кои често нивните следбеници сметаат дека потекнуваат од Бога. Верските церемонии имаат свое значење и света вредност за верниците доколку се спроведени од свештени лица овластени за таа цел во согласност со тие правила. Личноста на свештените лица е несомнено важна за секој член на заедницата. Учеството во животот на заедницата е затоа манифестирање на својата религија, заштитено со член 9 од Конвенцијата.
Кога е во прашање организирањето на верската заедница, член 9 од Конвенцијата мора да се толкува од аспект на член 11, кој го штити правото на здружување од неоправдано мешање на државата. Погледнато од оваа перспектива, правото на верниците на слобода на религија ги вклучува очекувањата на заедницата дека ќе ѝ биде овозможено да функционира на мирен начин, без арбитрерно мешање на државата. Всушност, автономното постоење на верските заедници е неопходно за плурализмот во декомратско општество и затоа е прашање кое е во самиот центар на заштитата која ја нуди член 9. Тоа директно се однесува не само на организирањето на заедницата како таква, туку исто така и на ефикасното уживање на правото на слобода на религија од страна на сите нејзини активни членови. Кога организираната структура на заедницата не е заштитена со член 9 од Конвенцијата, сите други аспекти на слободата на религија на поединецот ќе станат ранливи“.
78. Судот понатаму повторува дека можноста да се основа правен субјект за да се дејствува колективно во област на заеднички интерес е еден од најважните аспекти на слободата на здружување, без кој, тоа право ќе нема смисла. Судот континуирано останува на ставот дека одбивањето на домашните органи да признаат статус на правен субјект на здружение на лица претставува мешање во остварувањето на правото на слобода на здружување на жалителите (види Горзелик и други против Полска [ГСC], бр. 44158/98, параграф 52 et passim, ECHR 2004‑I, и Сидиропулос и други против Грција, 10 јули 1998 година, параграф 31 et passim, Збирки на пресуди и одлуки 1998‑IV). Државите имаат право да проверат дали целта и активностите на здружението се во согласност со одредбите предвидени во меродавниот закон, но тие таа проверка мора да ја направат на начин кој е компатибилен со нивните обврски од Конвенцијата и со преиспитување од страна на институциите предвидени со Конвенцијата (види Сидиропулос, цитиран погоре, параграф 40). Кога е во прашање организацијата на верски заедници, Судот има одлучувано дека одбивањето на таква регистрација исто така претставува мешање во правата на жалителите на слобода на религија согласно член 9 од Конвенцијата (види Метрополитанска црква на Бесарабија, цитирана погоре, параграф 105).
79. Моќта на државата да ги заштити своите институции и граѓани од здруженија кои може да ги загрозат треба да се користи внимателно, затоа што исклучоците на правилото на слобода на религија треба да се толкуваат рестриктивно и само убедливи причини може да оправдаат ограничувања на таа слобода. Секое мешање мора да одговара на неодложна општествена потреба [“pressing social need”]; а поимот „неопходно“ не е флексибилен како изразите „корисно“ или „пожелно“ (види Горзелик, цитиран погоре, параграфи 94-95, каде се цитирани дополнителни преседани).
80. Кога Судот ја прави својата оцена, негова задача не е да ги замени релевантните домашни органи, туку да ги преиспита одлуките кои тие ги донесле во вршење на нивната дискрециона слобода. Тоа не значи дека Судот само ќе провери дали тужената држава ја применила својата дискрециона слобода разумно, внимателно и во добра вера, Судот мора да го испита спорното мешање анализирајќи го случајот како целина и да утврди дали тоа било „пропорционално на легитимната цел која требало да ја оствари“ и дали образложението дадено од домашните органи за негово оправдување се „релевантни и доволни“. При тоа, Судот мора да се увери дека домашните органи примениле стандарди кои се во согласност со начелата изразени во Конвенцијата, и дополнително, деека тие ги засновале нивните одлуки врз прифатлива оцена на релевантните факти (види Обединета Комунистичка Партија на Турција и други против Турција, 30 јанури 1998 година, параграф 47, Збирки 1998‑I, и Partidul Comunistilor (Nepeceristi) и Ungureanu против Романија, бр. 46626/99, параграф 49, ECHR 2005‑I (извадоци)).
(б) Примена на наведените принципи во случајот кој е предмет на анализа
(i) Дали имало мешање
81. Судот забележува дека верските заедници жалители, законски постоеле и дејствувале во Унгарија како цркви регистрирани од надлежен суд во согласност со Законот за цркви од 1990 година. Законот за цркви од 2011 година го променил статусот на сите претходно регистрирани цркви во здруженија, освен на оние кои биле признати како цркви во додатокот на Законот за цркви од 2011 година. Доколку сакале да продолжат да дејствуваат како цркви, верските заедници биле должни да се обратат до Парламентот да бидат поединечно признати како такви.
82. Судот одлучи во два претходни случаи (види Moscow Branch of the Salvation Army, цитиран погоре, параграф 67, и Church of Scientology Moscow против Русија, бр. 18147/02, параграф 78, 5 април 2007 година) дека одбивањето на барање за пререгистрација претставувало мешање во правото на верската организација на слобода на здружување како и во нејзиното право на слобода на религија.
83. Судот смета дека мерката за која станува збор во случајот во кој сега одлучува практично претставува одземање на статусот на црква на жалителите и мешање во нивните права заштитени со член 9 и член 11. Затоа Судот мора да утврди дали мешањето ги исполнува условите од став 2 на тие одредби, што значи, дали било „предвидено со закон“, дали служело за остварување на една или повеќе легитимни цели и дали било „неопходно во демократско општество“ (види, помеѓу многу други преседани, Metropolitan Church of Bessarabia, цитиран погоре, параграф 106).
84. Овластувањата на државата во оваа област мора да се применуваат внимателно, затоа што исклучоците на правилото на слобода на религија треба да се толкуваат рестриктивно и само убедливи причини може да оправдаат ограничувања на таа слобода. Во врска со тоа, Судот го повторува својот став формулиран во случаите Горзелик (цитиран погоре, параграфи 94-95) и Руски Јеховини сведоци против Русија (бр. 302/02, параграф 100, 10 јуни 2010 година). Кога е во прашање докажувањето на постоење на убедливи причини товарот на докажување е на тужената Влада (види, Валианатос и други против Грција [ГСC], бр. 29381/09 и 32684/09, параграфи 85, ECHR 2013). Затоа, на Владата е да докаже дека во овој случај било неопходно, за остварување на легитимните цели на кои се повикува, да ги спречи веќе регистрираните цркви да го задржат нивниот статус во поглед на верски активности, што значи, во манифестирањето на религија.
(ii) Предвидено со закон
85. Ова прашање не беше спорно помеѓу странките. Судот е убеден дека спорното мешање било предвидено со закон, имено со Законот за цркви од 2011 година.
(iii) Легитимна цел
86. Владата истака дека обжаленото мешање, доколку имало такво мешање, можело да се смета дека служи за остварување на легитимните цели заштита на правата и слободите на другите како и заштита на јавниот ред, во смисла на член 9, став 2, имено, преку елиминирање на субјектите кои тврделе дека работат за верски цели, кога всушност се залагаат само за финансиски придобивки. Жалителите го оспорија овој став.
Судот смета дека мерката за која станува збор може да се земе дека служи за остварување на легитимната цел спречување нереди и криминал во смисла на член 11, став 2, особено преку обиди за борба со измамнички активности.
(iv) Неопходно во демократско општество
(α) Обем на дискреционата слобода [Width of margin of appreciation]
87. Во поглед на повикувањето од страна на Владата на принципот изразен во случајот Кимлја и други (параграф 79, види параграф 65 погоре), според кој спорниот карактер на верски учењате на Скиентологијата наложувал да се прифати оценувањето на тие проповедања направено од домашните органи, Судот воочува дека во тој случај се сметало дека отсуството на европски консензус било демонстрирано со фактот што надлежните органи во различни земји иницирале постапки против претставниците на таа верска група. Според Судот, овие постапки демонстрирале постоење на фактички официјален спор за верскиот карактер на тие верски учења. Токму во овој посебен контекст спорниот карактерна на наводна религија може да подразбира широк простор за слободна оцена [wide margin of appreciation] кој го има државата во оцена на тие верски учења.
88. Сепак, Судот е на мислење дека овој пристап не може по автоматизам да се пренесе на ситуации каде некоја верска група не е правно регистрирана како целосно призната црква во една или повеќе европски држави. Самото отсуство на консензус кој е очигледен не може да доведе до ист степен на прифаќање на оцената на домашните органи, посебно кога случајот се однесува на рамка за признавање за поинаку признати религии (цркви кои претходно имале целосно признат статус), а не на самото прифаќање на определен збир на контроверзни верски учења како религија. Поинаков заклучок би значел дека нетрадиционалните религии би можеле да ја изгубат заштитата која ја нуди Конвенцијата во некоја земја во основа поради фактот што не се правно признати како цркви во други земји. Со тоа гаранциите кои ги нудат член 9 и член 11 би станале воглавно илузорни во смисла на гарантирање на соодветни облици на организирање на религиите.
89. Судот затоа смета дека, иако државите имаат определен простор за слободна оцена во оваа област, таа не може да оди до целосно прифаќање на оцената на религиите и верските организации направена од домашните органи, важечките законски решенија донесени во една држава членка мора да бидат во согласност со судската практика на Судот и да бидат оценети од Судот.
(β) Позитивни обврски
90. Судот смета дека државата има позитивна обврска да воведе систем на признавање кој го олеснува добивањето на правен субјективитет од страна на верските заедници. Ова е валиден критериум исто така и во смисла на дефинирање на поимите религија и верски активности. Според Судот, тие дефиници имаат директни последици врз остварувањето на правото на слобода на религија на поединецот, и може да го ограничат тоа право доколку активноста на жалителот не е призната како верска. Согласно ставот на Комитетот за човекови права на ООН ..., таквите дефиниции не можат да се толкуваат на штета на нетрадиционалните облици на религии – став со кој се согласува Судот. Во овој контекст, Судот повторува дека должноста државата да биде неутрална и непристрасна, дефинирана во неговата судска практика, не е компатибилна со било каква надлежност на државата да ја оценува легитимноста на верски уверувања (види Метрополитанска црква во Бесарабија, цитиран погоре, параграфи 118 и 123, и Хасан и Чауш цитиран погоре, параграф 62). Сепак, овој случај не се однесува на дефинирањето на религијата како такво во унгарскиот закон.
91. Судот понатаму смета дека член 11 во врска со член 9, е предвидува право верските организации да имаат конкретен правен статус. Член 9 и член 11 од Конвенцијата само наложуваат државата да се осигура верските заедници да имаат можност да добијат правен субјективитет како субјекти во граѓанското право, тие не наложуваат ним тда им биде доделен конкретен јавно правен статус.
92. Разликите во правниот статус на верските заедници не смее да ги прикажува нивните следбеници во неповолно светло во јавното мислење, кое е чувствително на официјалната оцена на религијата – и на црквата која е нејзина инкарнација – а кои се истакнати од државата во јавниот живот. Според традициите на бројни земји, регистрирањето како црква и признавањето од страна на државата се клучни за нивниот социјален статус, без кој на верската заедница може да се гледа како на сомнителна секта. Со други зборови, одбивањето да се признае некоја верска заедница како црква може да ги зајакне предрасудите кон следбениците на такви, често мали заедници, посебно во случај на религии со нови или необични верски учења.
93. При оцената на разлики во правниот статус и третманот кој верските заедници го добиваат како последица на тоа, а во смисла на соработка со државата (каде државата, во рамките на својата дискрециона слобода, избира уставен модел на соработка), Судот понатаму воочува дека овие разлики влијаат врз организацијата на заедницата и затоа и на практикувањето на религијата, поединечно или во заедница. Всушност, верските здруженија не се само инструмени за остварување на верски цели на поединецот. Во подлабока смисла, тие обезбедуваат контекст за развој на самоопределувањето на поединецот и служат за плурализам во општеството. Заштитата која е дадена на слободата на здружување на верниците, им овозможува на поединците да следат колективни одлуки за спроведување на заеднички проекти диктирани од заеднички уверувања.
94. Судот не може да го занемари ризикот дека следбениците на определена религија може да се чувстваат само дека се толерирани, но не и добредојдени, доколку државата одбие да ја признае и поддржи нивната верска организација, додека им ја дава таа придобивка на други верски организации. Тоа е така затоа што колективното практикување на религија во формата која ја наложуваат основните начела на таа религија може да биде од суштинска важност за непреченото остварување на правото на слобода на религија. Според Судот, таква ситуација во која следбениците се сметаат за инфериорни е спротивна на слободата на манифестирање на својата религија.
(γ) Дерегистрирање на верските заедници жалители во овој случај
95. Судот воочува дека непосреден ефект на донесувањето на Законот за цркви од 2011 година бил жалителите, претходно целосно признати цркви кои исполнуваат услови за да уживаат привилегии, субвенции и донации, бил загуба на тој статус и тие во најдобар случај добиле статус на здруженија, кои воглавно ги немаат тие можности. Точно е дека одлуката која Уставниот суд ја донел после тоа, номинално ставила крај на тоа мешање. Според Владата, тоа обезбедило целосно обештетување за наводната повреда, сепак, жалителите тврдеа дека тие никогаш повеќе не можеле да го имаат нивниот претходен статус без ограничувања.
96. Кога се оценува оваа практична дерегистрација на жалителите, важно е да се воочи дека тие биле претходно регистрирани како цркви од страна на надлежните унгарски органи според законот кој бил во сила во моментот кога Унгарија ја ратификувала Конвенцијата и кој бил применлив до влегувањето во сила на Законот за цркви од 2011 година.
Понатаму, Судот воочува – иако ја признава легитимната грижа на Владата во врска со проблемите поврзани со големиот број на цркви кои претходно постоеле во земјата (види параграф 62 погоре) – дека Владата не покажа дека не биле достапни решенија за проблемот воочен од властите кои се помалку драстични, како што се судска оцена или распуштање на црквите за кои се докажало дека ги злоупотребуваат законските одредби.
97. Судот не може, а да не забележи дека исходот на спорниот закон бил одземање на правната рамка на постоечките цркви, во некои случаи со далекусежни последици во материјална смисла и во смисла на нивниот углед.
(δ) Можности за повторно регистрирање на жалителите верски заедници
98. Судот воочува дека согласно законот кој е во сила, во Унгарија постои систем на признавање на цркви од два столба. Повеќе цркви, таканаречени регистрирани цркви, имаат целосен статус на црква вклучувајќи и право на привилегии, субвенции и донации на даночни обврзници. Останатите верски здруженија, иако можат се нарекуваат како „цркви“ од август 2013 година, се во далеку понепривилегирана ситуација, со само ограничени можности од таа категорија да преминат во категорија на регистрирана црква. Жалителите во овој случај, претходно целосно признати цркви, сега припаѓаат на втората категорија, со значително намалени права и материјални можности за манифестирање на нивната религија, во споредба со нивниот претходен статус или со статусот на црквите кои се регистрирани во моментот.
99. Судот ги воочи аргументите на Владата, кои се чини дека се фокусирани од една страна на изводливоста на преминувањето во статус на регистрирана црква, и од друга страна на разумноста на условите за такво преминување, посебно објективните критериуми во врска со тоа колку долго постоела црквата, минималниот број на членови како и таа да не претставува закана за националната безбедност за што конечно одлучува Парламентот.
100. Што се однесува на двата столба на системот на признавање на цркви, Судот е убеден дека тој систем може per se да влезе во опсегот на слободната оцена на државата (види Sindicatul “Păstorul cel Bun” против Романија [ГСC], бр. 2330/09, параграф 138, ECHR 2013 (извадоци)). Сепак, таквиот систем вообичаено е дел од историските уставни традиции на тие земји кои го вовеле, и државниот систем на признавање на цркви може да се смета за компатибилен со член 9 од Конвенцијата посебно ако е дел од ситуација која постои од пред ратификацијата на Конвенцијата од страна на државата договорничка (види Дарби против Шведска, бр. 11581/85, Извештај на Комисијата, 9 мај 1989 година, параграф 45, Series A no. 187).
На пример, Судот претходно има прифатено дека дополнително финансирање од државниот буџет на државната црква не е спротивно на Конвенцијата, со оглед на, помеѓу другото, фактот дека вработените во таа црква биле државни службеници, а не само припадници на нивните верски заедници (види Ásatrúarfélagið против Исланд (одлука), бр. 22897/08, параграф 34, 18 септември 2012 година). Поопшто гледано, Судот би дополнил дека финансирањето на цркви како и други материјални или финансиски привилегии кои им се даваат, иако не се некомпатибилни со Конвенцијата, не смеат да бидат дискриминирачки или прекумерни, што значи, очигледно непропорционални во однос на оние кои за слични активности ги добиваат други организации во определено општество.
101. Сепак, во овој случај, Судот смета дека Владата не изведе било какви убедливи докази да докаже дека листата на регистрирани цркви содржана во додатокот на Законот за цркви од 2011 година, кој во моментот е во сила, целосно ја одразува историската традиција на Унгарија, поради тоа што не ги содржи верските заедници жалители во овој случај и може да се сфати дека се навраќа на состојбата која постоела во 1895 година ... додека пак ги занемарува поновите историски промени.
102. Судот воочува дека одлуките за признавање на регистрирани цркви е на Парламентот, кој е политичко тело, кое мора да ги носи тие одлуки со двотретинско мнозинство. Венецијанската комисија забележа дека потребните гласови очигледно зависат од резултатите од избори ... Како последица на тоа, давањето или одбивањето на статус на црква може да биде поврзано со политички настани или ситуации. Таквиот систем неизбежно подразбира непочитување на неутралноста и создава ризик од арбитрерност. Ситуација во која верските заедници се принудени да им се умилкуваат на политичките партии за да ги добијат нивните гласови не е во согласност со обврската на неутралност на државата во оваа област.
103. Судот смета дека од верските заедници жалители во овој случај не може разумно да се очекува да се потпрат на процедура која ги нема гаранциите на објективна оцена преку правична постапка водена од неполитичко тело. ...
104. Оставајќи ги настрана потенцијалните можности постапката за повторно регистрирање да биде обоена со политичка пристрасност, Судот има одлучено дека одбивањето на барање за регистрација поради недоставување на информации за основните принципи на дадена религија може да биде оправдано во конкретните околности на некој случај со потребата да се провери дали барањето на признавање од страна на верската заедница претставува опасност за демократското општество (види Cârmuirea Spirituală a Musulmanilor din Republica Moldova против Молдова (одлука), бр. 12282/02, 14 јуни 2005 година). Сепак, во овој случај, Судот забележува дека Владата не даде ниту една причина за условот повторно да се оценуваат веќе активни цркви од гледна точка на нивна можна опасност за општеството, а уште помалку условот да се провери содржината на нивните учења, како што имплицитно наложува Законот за цркви од 2011 година ... Владата исто така не достави никакви докази за реална опасност од субјектите жалители во овој случај (спореди со Church of Scientology Moscow, цитиран погоре, параграф 93). Судот воочува дека до релевантиот период жалителите законито дејствувале во Унгарија како верски заедници неколку години. Пред Судот не беа изведени докази дека во текот на тој временски период била иницирана било каква постапка од страна на надлежни органи во која се оспорува постоењето на жалителите, посебно по основ на тоа дека дејствуваат незаконито или со злоупотреба. Затоа, причините од кои им се наложува повторно да се регистрираат требало да бидат особено сериозни и убедливи (види Church of Scientology Moscow, цитиран погоре, параграф 96, и Moscow Branch of The Salvation Army, цитиран погоре, параграфи 96). Во овој случај домашните органи не истакнаа такви причини.
105. Сепак, дури и ако се претпостави дека имало такви сериозни и убедливи причини, Судот мора да заклучи дека на верските заедници жалители во овој случај не им била понудена фер можност (види Religionsgemeinschaft der Zeugen Jehovas, цитиран погоре, параграф 92) да им биде признаен статусот кој го барале, посебно со оглед на политичкиот карактер на постапката.
(ε) Можност верските заедници жалители да уживаат материјални привилегии за да ја манифестираат нивната религија и да соработуваат со државата во тој поглед
106. Судот забележува дека слободата да се манифестира својата религија или уверувања по основ на член 9 не дава право на верските заедници жалители или на нивните членови да добијат дополнителни финансиски средства од државниот буџет (види Ásatrúarfélagið, цитиран погоре, параграф 31), туку дека државните субвенции кои на различен начин се доделуваат на различни верски заедници, и со тоа, индиректно, на различните религии – наложува најстрога оцена (види, mutatis mutandis, Горзелик, цитиран погоре, параграф 95).
107. Судот веќе има потврдено дека привилегиите добиени од страна на верски заедници, посебно во областа на оданочувањето, го олеснува остварувањето на нивните верски цели (види Association Les Témoins de Jéhovah против Франција, бр. 8916/05, параграфи 49 и 52-53, 30 јуни 2011 година) и дека затоа има обврска за државните органи од член 9 од Конвенцијата да останат неутрални во вршењето на нивните надлежности (види Religionsgemeinschaft der Zeugen Jehovas и други против Австрија, цитиран погоре, параграф 92) кога е во прашање распределбата на тие ресурси и доделувањето на тие привилегии. Кога, во остварување на своите позитивни обврски во поглед на член 9 и член 11, државата доброволно одлучила да додели право на субвенции и други бенефиции на верски организации – и затоа тоа право влегува во поширокиот досег на примена на членовите од Конвенцијата – таа не може да презема дискриминаторски мерки при доделувањето на тие бенефиции (види, mutatis mutandis, Е.Б. против Франција [ГСC], бр. 43546/02, параграфи 48-49, 22 јануари 2008 година, и Сојуз на цркви „Слово на животот“ и други против Хрватска, бр. 7798/08, параграф 58, 9 декември 2010 година). Исто така, доколку државата одлучи да намали или да им одземе определени бенефиции на верските организации, таа мерка исто така не смее да биде дискриминирачка.
108. Според Судот, на државите мора им да се препушти значителна слобода при избирањето на формите на соработка со различните верски заедници, посебно затоа што тие заедници многу се разликуваат една од друга во смисла на начинот на кој се организирани, бројноста на нивното членство и активностите кои произлегуваат од нивните верски учења. Тоа посебно важи при изборот на партнери со кои државата има намера да соработува во определени активности. Горенаведениот прерогатив на државата има уште поголема важнст кога станува збор за јавните, општествени задачи преземени од верските заедници, но кои не се директно поврзани со нивниот духовен живот (што значи, неповрзани, на пример, со хуманитарни активности кои произлегуваат од нивните верски должности). Во овој контекст, државите имаат определен простор за слободна оцена [certain margin of appreciation] кога ја оформуваат соработката со верските заедници. По оваа точка, Судот го воочува посебниот контекст на односи помеѓу државата и црквата во Унгарија, и посебно фактот дека врз унгарските цркви биле применети мерки со кои се одземаат нивните права после 1945 година ...
109. Во изборот на партнери за предавање на задачи од јавен интерес, државата не смее да ги дискриминира верските заедници. Неутралноста на државата наложува дека, кога државата избира да соработува со верски заедници, изборот на партнери мора да биде заснован на мерливи критериуми во врска со, на пример, нивните материјални капацитети. Разликите кои државата ги прави во поглед на признавањето, партнерството и субвенциите не смеат да создадат ситуација во која следбениците на некоја верска заедница се чувствуваат како граѓани од втор ред, од верски причини, поради неповолниот однос на државата кон нивната заедница.
110. Судот забележува дека согласно унгарското право регистрираните цркви имаат привилегиран третман, посебно во областа на оданочувањето и субвенциите ... Привилегиите добиени од регистрираните цркви се значителни и им го олеснуваат остварувањето на верските цели поради нивниот специјален статус.
111. Според Судот, слободата доверена на државите во регулирањето на нивните односи со црквите треба да ја вклучува можноста за изменување на тие привилегии со законодавни мерки. Сепак, таа слобода не може да оди до таму да ја повреди неутралноста и непристрасноста кои се бараат од државата во оваа област.
Во овој случај, одземањето на бенефиции (кое произлегува од дерегистрирањето на црквите и последователното губење на статус на црква) засегнало само определени верски групи, вклучувајќи ги жалителите. Точно е дека се чини дека жалителите не ги исполнуваат кумулативните критериуми утврдени од законодавецот, посебно во однос на минималниот број на членови и минималниот временски период на постоење. Може аргументирано да се тврди, дека овие критериуми ги ставиле жалителите, некои од нив се нови и/или помали заедници, во неповолна положба која е спротивна на обврските за неутралноста и непристраност. Што се однесува на тоа колку долго постоеле верските групи, Судот прифаќа дека наметнувањето на разумен минимален период може да биде неопходно во случајот на новоформирани и непознати верски групи. Но, тоа тешко може да се оправда во случајот на верски групи кои биле основани штом ограничувањата на верскиот живот биле укинати после падот на комунистичкиот режим во Унгарија. Во врска со тоа, Судот го воочува мислењето на Венецијанската комисија според кое тие временски периоди се предолги ...
112. Судот не гледа индиции дека жалителите биле спречени да ја практикуваат својата религија како правни субјекти, што значи, како здруженија, статус кој им гарантира формална автономија vis-à-vis државата. Сепак, согласно законот кој е во сила, определени верски активности кои ги вршат црквите не им се достапни на верските здруженија, фактор кој според Судот има влијание врз нивното право на колективна слобода на религија. Судот во врска со тоа воочува дека, во одлуката бр. 6/2013 (III. 1.), Уставниот суд, во неисцрпна листа, утвтрдил осум привилегии кои се дадени само на црквите ... Поконкретно, само регистрираните цркви имаат право на еден процент од данокот на личен доход определен од верниците и соодветна субенција од државата. Со тие средства треба да се поддржуваат активности поврзани со верата. Од таа причина Судот смета дека таквата разлика не го исполнува условот за неутралност на државата и не е заснована на објективни причини. Таквата дискриминација наметнува товар врз верниците на помалите верски заедници без никаква објективна и оправдана причина.
113. Во врска со тоа, Судот додава дека кога државата, во согласност со член 9 и 11, легитимно одлучува да задржи систем во кој државата е уставно надлежна да следи конкретна религија (види Дарби, цитиран погоре), како што е случај во некои европски држави, и кога таа во остварувањето на законски предвидени јавни интереси, обезбедува државни бенефиции на определени верски субјекти, но не на други, тоа мора да се прави по основ на разумни критериуми поврзани со остварувањето на јавни интереси (види, на пример, Ásatrúarfélagið, цитиран погоре).
114. Со оглед на тие согледувања, Судот смета дека нема потреба да испита дали има можна дискриминација во поглед на управувањето на гробишта, верски публикации и производството и продажбата на верски предмети, кои се чество поврзани со верски практики. Исто така Судот смета дека не е потребно да ги разгледа разликите во поглед на можностите за верска настава, вработување или соработка со државата во активности од јавен интерес.
(ζ) Заклучок
115. Судот заклучува дека, со целосното одземање на статусот на црква наместо примена на помалку рестриктивни мерки, воведувањето на политички обоената постапка за повторна регистрација, а за која е дадено оправдување кое е предмет на сомнежи, и на крајот, постапувајќи со жалителите на поинаков начин отколку со регистрираните цркви не само во поглед на можностите за соработка, туку исто така и во поглед на правото на бенефиции за верски активности, надлежните органи не ја почитувале нивната должност да бидат неутрални кон верските заедници жалители во овој случај. Овие елементи, земени посебно како и во целина, се доволни Судот да заклучи дека не може да се каже дека спорната мерка одоговара на „неодложна општествена потреба“ [“pressing social need”].
Затоа имало повреда на член 11 од Конвенцијата од аспект на член 9.
...
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ,
...
6. Одлучува, со пет гласа за и два против, дека имало повреда на член 11 од аспект на член 9 на Конвенцијата;
...
Пресудата е изработена на англиски јазик, и доставена во писмена форма на 8 април 2014 година, согласно правило 77, став 2 и 3 од Правилата на Судот.
Стенли НеисмитГвидо Раимонди Секретар на Судот Претседател
Во согласност со член 45, став 2 од Конвенцијата и правило 74, став 2 од Правилата на Судот, издвоеното мислење на судијата Спано кон кое се приклучи судијата Раимонди е приклучено кон оваа пресуда.
G.R.A.
S.H.N.
Издвоеното мислење не беше преведено, но се појавуваат на англиски јазик во верзијата на официјален јазик на пресудата која може да се најде во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy