Маѓар Тарталомзолгалтаток Еѓешулете и Индекс. ху ДОО (Magyar Tartalomszolgáltatók Egyesülete and Index. hu Zrt) против Унгарија – Ж. бр. 22947/13, Пресуда од 2 февруари 2016 година [Оддел IV] Факти – Првиот жалител било саморегулаторно тело на даватели на интернет содржини, а вториот жалител бил сопственик на информативен интернет портал. Двајцата жалители им овозможувале на корисниците да коментираат на објавите кои се појавуваат на нивните портали. Коментарите можеле да бидат поставени по регистрација и не биле променувани или модерирани од страна на жалителите пред да бидат објавени. Порталите на жалителите содржеле изјави за одрекување од одговорноста во кои било наведено дека коментарите не го одразуваат личното мислење на жалителите и систем за опомена и бришење, кој им овозможувал на читателите да побараат бришење на коментари кои предизвикуваат загриженост. Во февруари 2010 година, првиот жалител објавил мислење за две веб-страни за управување со недвижен имот, чиј целосен текст подоцна бил објавен и на порталот на вториот жалител. Мислењето привлекло кориснички коментари од кои некои ги критикувале веб-страните за недвижен имот со погрдни зборови. Како резултат на тоа, компанијата која управува со веб-страните повела граѓанска постапка против жалителите за наводна штета на нејзиниот углед. Жалителите веднаш ги отстраниле навредливите кориснички коментари. Сепак, домашните судови сметале дека тие сносат објективна одговорност за нивното објавување и им наредиле да платат процесни трошоци. Право - Член 10: Судот морал да процени дали била постигната соодветна рамнотежа помеѓу правото на жалителите на слобода на изразување според членот 10 и правото на компанијата тужител на углед според членот 8. Оваа проценка морала да се спроведе со примена на критериумите утврдени од страна на Судот во водечкиот случај Delfi AS v. Estonia ([GC], Ж. бр. 64569/09 од 16 јуни 2015 година, Информативна белешка 186). (а) Контекстот во кој биле објавени коментарите - Написот под кој биле објавени коментарите бил во врска со наводната неетичка и лажлива деловна практика на двeте веб-страни за недвижности, кои веќе предизвикале различни постапки против компанијата која управува со нив пред органи за заштита на корисниците. Коментарите предизвикани од написот можеле, затоа, да се сметаат како прашање од јавен интерес. Написот не бил лишен од фактичка основа или подложен да предизвика неоправдано навредливи коментари. Од своја страна, се чинело дека домашните судови не обрнале внимание на улогата, доколку постоела, која ја имале жалителите во генерирање на коментарите. (б) Содржината на коментарите - Домашните судови утврдиле дека коментарите биле неразумно навредливи, штетни и понижувачки. Сепак, Судот забележал дека употребата на вулгарни фрази сама по себе не била одлучувачка и дека било неопходно да се земат предвид специфичностите на стилот на комуникација на одредени интернет портали. Изразите употребени во коментарите, иако припаѓаат на низок стилски регистар, биле честа појава во комуникацијата на многу интернет портали, па со тоа влијанието што можело да им се припише било намалено. (в) Одговорноста на авторите на коментарите - Домашните судови утврдиле дека жалителите се одговорни за „ширење“ клевети без да навлезат во анализа на пропорционалноста за да се утврдат соодветните одговорности на авторите на коментарите и на жалителите. Покрај тоа, дури и со прифаќање на анализата на домашните судови, сметањето на жалителите за одговорни за коментари од трети страни било тешко да се усогласи со судската практика на Судот која бара „особено силни причини“ пред да се предвиди казнување на новинар за помагање во ширењето на изјави дадени од трети лица. (г) Мерките преземени од страна на жалителите и однесувањето на оштетената страна - Жалителите ги отстраниле коментарите во прашање веднаш штом биле известени за покренувањето на граѓанската постапка. Тие исто така имале подготвени општи мерки за спречување или отстранување на клеветнички коментари на нивните портали, вклучувајќи и изјава за одрекување од одговорноста, тим на мо- дератори, и систем за опомена и бришење. И покрај тоа, домашните судови ги сметале за одговорни што дозволиле да бидат објавени нефилтрирани коментари. За Судот, таквиот наод барал прекумерна и непрактична умисла, способна за поткопување на слободата за спо- делување информации на интернет. Судот понатаму забележал дека домашните судови не го зеле предвид фактот дека компанијата тужител во ниту една фаза не побарала од жалителите да ги отстранат комен- тарите, туку отишла директно на суд. (д) Последиците за оштетената страна и жалителите - Судот забележал дека она што било во прашање во овој случај бил комерцијалниот углед на една приватна компанија, а не угледот на физичко лице кое ужива поголема заштита. Покрај тоа, коментарите не биле особено способни за било какво дополнително и значително влијание врз однесувањето на потрошувачите, бидејќи веќе биле отпочнати истраги за деловното однесување на компанијата тужител кога написот бил објавен. Во секој случај, се чини дека домашните судови не оцениле дали коментарите го постигнале потребното ниво на сериозност и дали биле изнесени на начин што, всушност, предизвикал предрасуди. Што се однесува до влијанието на пресудите врз жалителите, иако тие не биле обврзани да платат надомест за нематеријална штета, не можело да се исклучи дека наодот против нив може да претставува основа за понатамошно правно дејство кое ќе резултира во една таква одлука. Во секој случај, одлучувачкото прашање било дека објек- тивната одговорност за коментари од трети лица би можела да има предвидливи негативни последици за еден интернет портал, на пример, со тоа што би се барало од него да го затвори сосема просторот за коментари. Ова, за возврат би можело да има обес- храбрувачки ефект врз слободата на изразување на интернет, што пак може да биде особено штетно за некомерцијални веб страни како што е онаа управувана од страна на првиот жалител. Како заклучок и со оглед на отсуството на говор на омраза или директни закани за физичкиот интегритет во корисничките коментари, Судот утврдил дека не постои причина да се смета дека, доколку е придружен од ефективни процедури кои овозможуваат брза реакција, системот за опомена и бришење не можел да обезбеди изводлив механизам за заштита на комерцијалниот углед на компанијата тужител во кон- кретниот случај. Заклучок: повреда (едногласно). Член 41: не е поднесено барање за надомест на штета. (Видете ги, исто така, и информативните листови за Правото на заштита на сопствениот лик и за Говор на омраза)
Full & Egal Universal Law Academy