ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА МАКТАУФ И ДАМЈАНОВИЌ ПРОТИВ БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА
(Жалби бр. 2312/08 и 34179/08)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
18 јули 2013 г.
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Во случајот на Мактауф и Дамјановиќ против Босна и Херцеговина,
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Диан Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Гвидо Раимонди (Guido Raimondi),
Инета Зиемеле (Ineta Ziemele),
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Изабел Беро-Лефевр (Isabelle Berro-Lefèvre),
Давид Тор Бјоргвинсон (David Thór Björgvinsson),
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Јоргос Николау (George Nicolaou),
Мирјана Лазарова Трајковска (Mirjana Lazarova Trajkovska),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Здравка Калајџиева (Zdravka Kalaydjieva),
Небојша Вучиниќ (Nebojša Vučinić),
Кристина Пардалос (Kristina Pardalos),
Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Пауло Пинто де Албукерки (Paulo Pinto de Albuquerque),
Јоханес Силвис (Johannes Silvis), судии,
и Мајкл О’Бојл (Michael O’Boyle), заменик секретар,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 12 декември 2012 г. и 19 јуни 2013 г.,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлезе од две жалби (бр. 2312/08 и 34179/08) против Босна и Херцеговина поднесени до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна ирачкиот државјанин, г-динот Абдуладхим Мактауф, и државјанинот на Босна и Херцеговина, г-динот Горан Дамјановиќ („жалителите“), од 17 декември 2007 г. и 20 јуни 2008 г.
2. Жалбите на жалителите се однесуваа на кривичните постапки во кои Судот на Босна и Херцеговина („Државен суд“) ги осудил и им изрекол казни согласно одредбите од Кривичниот закон на Босна и Херцеговина од 2003 г. за воени злосторства против цивилното население сторени за време на војната од 1992-95 година. Тие се жалеа дека тоа што Државниот суд не го применил Кривичниот закон од 1976 г. од поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија („поранешна СФРЈ“), што се применувал во времето кога биле сторени воените злосторства, довело до повреда на правилото на неретроактивност утврдено во членот 7 од Конвенцијата. Тие понатаму се повикале на членот 14 разгледан во врска со членот 7 од Конвенцијата и членот 1 од Протоколот бр. 12. Г-динот Мактауф исто така се повикал на членот 6 § 1 од Конвенцијата.
3. Жалбите и беа доделени на Четвртата секција на Судот (Правило 52 § 1 од Деловникот на Судот). На 31 август 2010 г. претседателот на таа Секција одлучи да ја извести Владата на Босна и Херцеговина („Владата“) за жалбите. Исто така беше одлучено во исто време да се одлучува и за допуштеноста и за основаноста на жалбите (член 29 § 1). На 10 јули 2012 г. Судскиот совет на Четвртата секција, составен од следниве судии: Лех Гарлицки, Давид Тор Бјоргвинсон, Паиви Хирвела, Јоргос Николау, Здравка Калајџиева, Небојша Вучиниќ и Лилјана Мијовиќ, како и Лоренс Иерли, секретар на Секцијата, се откажа од јурисдикцијата во корист на Големиот судски совет, и при тоа ниедна од страните не се спротивстави на тоа (член 30 од Конвенцијата и Правилото 72).
4. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите од член 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и правилото 24. Фарис Вехабовиќ, судијата избран од Босна и Херцеговина, не беше во можност да земе учество во овој случај (Правило 28). Владата соодветно на тоа ја назначи Ангелика Нусбергер, судија избрана од Германија, да го заземе неговото место (член 26 § 4 од Конвенцијата и правилото 29 § 1).
5. Големиот судски совет одлучи да ги спои жалбите (правило 42 § 1),
6. Страните поднесоа писмени забелешки во однос на допуштеноста и основаноста. Исто така беа примени коментари од Канцеларијата на Високиот претставник како трета странка, на која и беше дозволено да се вклучи во писмената постапка (член 36 § 2 од Конвенцијата и правилото 44 § 3 и 4).
7. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 12 декември 2012 година (правило 54 § 3). Пред Судот се појавија:
(a) за Владата
Г-аЗ. Ибрахимовиќ (Z. Ibrahimović),заменик агент,
Г-аС. Малешиќ (S. Malešić),помошник агент,
Г-динХ. Вучиниќ (H. Vučinić),
Г-аМ. Капетановиќ (M. Kapetanović),советници;
(б) за жалителите
Г-динС. Крехо (S. Kreho),
Г-динА. Лејлиќ (A. Lejlić)
Г-динА. Лозо (A. Lozo)
Г-динИ. Мехиќ (I. Mehić)адвокат,
Г-динС. Крехо (S. Kreho),
Г-динХ. Лозо (H. Lozo),
Г-аН. Кисиќ (N. Kisić),советници.
Судот ги сослуша и обраќањата на г-динот Ибрахимовиќ и г-динот Лејлиќ.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
А. Релевантна позадина
8. По прогласувањето на независноста од поранешната СФРЈ во март 1992 г. брутална војна избувнала во Босна и Херцеговина. Повеќе од 100.000 луѓе биле убиени и повеќе од 2.000.000 други биле раселени како резултат на „етничко чистење“ или општо насилство. Бројни воени злосторства биле направени за време на војната, вклучително и оние што биле сторени од жалителите во овој случај. Следниве локални сили биле главните страни во конфликтот: АРБХ[1] (главно составена од Бошњаци[2] и лојални на централните власти во Сараево), ХВО[3] (главно составена од Хрвати) и ВРС[4] (главно составена од Срби). Конфликтот завршил во декември 1995 г. кога стапил на сила Општиот рамковен мировен договор („Дејтонскиот договор“). Согласно Договорот, Босна и Херцеговина се состои од два ентитета: Федерацијата на Босна и Херцеговина и Република Српска.
9. Како одговор на ѕверствата кои се случиле тогаш на територијата на поранешна СФРЈ, Советот за безбедност на ООН го формираше Меѓународниот суд за воени злосторства за поранешна Југославија („Хашкиот трибунал“) како времена институција[5]. Во 2002 г. со цел неговата задача да биде завршена успешно, на време и во координација со домашните правни системи во поранешна Југославија, Хашкиот трибунал започнал да работи на стратегија за финализирање на активностите[6]. Таа стратегија била усвоена од Советот на безбедност[7] на ООН и властите на Босна и Херцеговина (тие ги усвоиле потребните законски измени и дополнувања и склучиле договори со Високиот претставник – меѓународен администратор назначен согласно Дејтонскиот договор). Важна компонента на стратегијата било формирањето на судски совети за воени злосторства во рамките на Државниот суд составени од меѓународни и домашни судии (види параграфи 34-36долу).
Б. Фактите што се однесуваат на г-динот Мактауф
10. Г-динот Мактауф е роден во 1959 г. и живее во Малезија.
11. На 19 октомври 1993 г. тој намерно му помогнал на трето лице да грабне двајца цивили за да ги разменат за членови на силите на АРБХ кои биле фатени од силите на ХВО. Цивилите биле ослободени неколку дена подоцна.
12. На 11 јуни 2004 г. жалителот бил уапсен.
13. На 1 јули 2005 г. Судскиот совет на Државниот суд го прогласил за виновен за помагање во земање заложници како воено злосторство и го осудил на пет години затвор согласно членот 173 § 1 поврзано со членот 31 од Кривичниот закон од 2003 г.
14. На 24 ноември 2005 г. Апелациониот судски совет ја укинал пресудата од 1 јули 2005 г. и закажал ново рочиште. На 4 април 2006 г. Апелациониот судски совет составен од двајца меѓународни судии (судијата Пиетро Спера и судијата Фин Линјам) и еден домашен судија (судијата Хилмо Вучиниќ) го осудиле жалителот за истото дело и му ја изрекле истата казна согласно Кривичниот закон од 2003 г.. Што се однесува до казната, тој го одлучил следново (преводот го обезбеди Државниот суд):
„Согледувајќи го степенот на кривична одговорност на обвинетиот и последиците од кривичното дело, како и фактот дека обвинетиот бил соучесник на извршувањето на кривичното дело и земајќи ги во предвид олеснувачките околности во корист на обвинетиот, Судскиот суд ги примени одредбите за намалување на казната и ја сведе казната колку што максимално можеше во согласност со одредбата од членот 50 § 1 (а) од [Кривичниот закон од 2003] и го осуди на казна затвор од пет години, сметајќи дека со изречената казна може целосно да се постигне намерата за казнувањето и дека изречената казна ќе влијае врз обвинетиот да не врши други дела во иднина.“
15. По уставната жалба на жалителот на 30 март 2007 г. Уставниот суд го разгледал случајот согласно членот 5, 6, 7 и 14 од Конвенцијата и одлучил дека немало повреда на Конвенцијата. Одлуката му била врачена на жалителот на 23 јуни 2007 г. Главниот дел од одлуката, во релевантниот дел, го вели следново:
„42. Уставниот суд посочува дека членот 65 од [Законот за Државен суд од 2000 г.] чиј првичен текст бил вклучен Одлуката на Високиот претставник а, која последователно била потврдена од Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, уредува дека за време на преодниот период, кој не може да надмине пет години, Панелите од Секција I за воените злосторства и Секција II за организиран криминал, економски криминал и корупција треба да се составени од национални и меѓународни судии. Кривичните и апелационите одделенија можат да бидат составени од неколку меѓународни судии. Меѓународните судии не може да се државјани на Босна и Херцеговина или некоја од другите соседни држави. Меѓународните судии треба да дејствуваат како панел од судии во согласност со релевантните одредби од Законот за кривична постапка на Босна и Херцеговина, а во согласност со одредбите од Законот за заштита на сведоците и ранливите сведоци од Босна и Херцеговина и не можат да бидат кривично гонети, апсени или притворени, ниту да се одговорни во граѓански постапки за мислења или одлуки кои произлегле во рамките на нивното официјално својство.
43. Високиот претставник ‘... во извршувањето на своите овластувања што му се доделени на Високиот претставник согласно член V од анексот 10 (Договор за цивилно спроведување на мировниот договор) од Рамковниот договор за мир во Босна и Херцеговина, ... согласно кој Високиот претставник ќе го олесни, доколку Високиот претставник смета дека е неопходно, решавањето на сите тешкотии што се јавуваат во врска со цивилното спроведување..., забележувајќи дека соопштението на Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот во Сараево на 26 септември 2003 г. изјавил дека Одборот ја разгледал Резолуцијата 1503 на Советот за безбедност на ООН, која, меѓу другото, апелира до меѓународната заедница да ја поддржи работата на Високиот претставник во формирањето на судските совети за воени злосторства..., посочувајќи ја Заедничката препорака за назначување на меѓународни судии потпишана од секретарот на Регистарот ... и претседателот на Високиот судско-обвинителски совет на Босна и Херцеговина..., [и] имајќи ги во предвид релевантните одредби од [Законот за Државниот суд од 2000 г.],’ на 24 февруари и 28 април 2005 г. усвои Решенија за назначување на меѓународните судии Фин Линјам и Пиетро Сперо во Секцијата I за воени злосторства од Кривичното и Апелационото одделение на [Државниот суд].
44. Согласно гореспоменатите решенија за назначување, меѓународните судии треба да служат мандат од две години и имаат право повторно да бидат назначени согласно одредбите од законот. Меѓународните судии не можат да вршат должности кои не се компатибилни на нивната служба на судии. Сите услови во врска со судската служба на кои се упатува во [Законот за Државниот суд од 2000 г.] важат за овие назначувања но најголема можна мерка. Меѓународниот секретар на Регистарот ќе го информира Високиот претставник за секој настан кој може да го спречи судијата во вршењето на неговите/нејзините обврски. За време на мандатот, судијата треба да се придржува на сите стандарди во врска со професионалното однесување како што е уредено од [Државниот суд]. Назначениот меѓународен судија треба да ги извршува своите обврски во согласност со законите на Босна и Херцеговина и да носи одлуки врз основа на своето знаење [и] вештини на совесен, одговорен и непристрасен начин, зајакнувајќи го владеењето на правото и зајакнувајќи ги индивидуалните човекови права и слободи согласно гаранциите на Уставот на Босна и Херцеговина и Европската конвенција.
...
46. Надлежностите на Секторите на [Државниот суд] во кои се назначуваат меѓународните судии вклучуваат, вон секаков сомнеж, одредени прашања што произлегуваат од меѓународното право. Признавањето на супранационалната природа на меѓународното кривично право, воспоставено преку судската пракса од Воените судови во Нирмберг и Токио, Хашкиот трибунал и Трибуналот за Руанда, исто така ги вклучува и кривичните судови. Ова секако ја вклучува и ситуацијата во која одреден број на меѓународни судии се назначуваат во националните судови. Високиот претставник назначува меѓународни судии во [Државниот суд] во согласност со овластувањата што му се доделени со резолуциите на Советот за безбедност усвоени на ООН согласно Глава VII од Повелбата на ООН и Препораката на секретарот согласно Договорот од 1 декември 2004 г., кој исто така беше потпишан од страна на претседателот на Високиот судско-обвинителски совет; особено е важно тоа што Високиот судско-обвинителски совет, независно тело надлежно за назначување на националните судии, беше вклучен во постапките што му претходеа на назначувањето.
47. Уставниот суд одлучи дека меѓународните судии кои биле членови на Панелот којшто ја изрекле оспорената пресуда биле назначени на начин и во согласност со постапката која ги следела стандардите во врска со правично судење предвидено во членот 6 од Европската конвенција. Исто така, [Законот за Државниот суд од 2000 г.], Договорот од 1 декември 2004 г. и одлуките во врска со [нивното] назначување создале предуслови и механизми кои обезбедувале независност на судиите од мешање или влијанија од извршната власт или меѓународните тела. Судиите назначени на ваков начин се обврзани да ги почитуваат и следат сите правила кои генерално важат во националните кривични постапки и кое се во согласност со меѓународните стандарди. Нивниот мандат е дефиниран, а нивните активности се следат во текот на овој период. Образложението за ова назначување била потребата да се воспостават и зајакнат националните судови во преодниот период како поткрепа на напорите на овие судови во утврдувањето на одговорност за сериозните повреди на човековите права и етнички мотивираните кривични дела. Затоа е насочено кон обезбедувањето на независност и непристрасност на судството и во делењето на правдата. Дури и фактот дека начинот на назначување бил сменет со последователниот Договор од 26 септември 2006 г. така што Високиот судско-обвинителски совет на Босна и Херцеговина стана одговорен за назначувањето на меѓународните судии, тоа само по себе автоматски не значи дека нивните првични назначувања, на начинот предвиден во времето на оспорените пресуди биле спротивни на принципите на независност на судот согласно членот 6 § 1 од Конвенцијата. Уставниот суд одлучи дека жалителот не успеал да обезбеди убедливи аргументи и докази во поткрепа на тврдењата во врска со недостатокот на независност на меѓународните судии. Што се однесува до тврдењата на жалителот за отсуството на независност на националниот судија, врз основа на фактот дека тој бил лице со ‘недоволно искуство’, Уставниот суд одлучи дека овие тврдења се prima facie неосновани и не бараат некакво пошироко испитување. Откако сето ова беше земено во предвид Уставниот суд заклучи дека тврдењата на жалителот во врска со отсуството на независност и со тоа поврзаната повреда на стандардите што се однесуваат на правото на правично судење согласно членот II(3)(e) од Уставот на Босна и Херцеговина и членот 6 од Европската конвенција биле неосновани.
...
60. Еден од клучните аргументи на жалителот се однесуваат на односите меѓу кривичните постапки што се во прашање и членот 7 од Европската конвенција, имено фактот дека, како што навел жалителот, тој бил осуден согласно [Кривичниот закон од 2003 г.] наместо согласно [Кривичниот закон од 1976 г.] кој важел во времето кога било сторено делото и предвидувал помалку строги казни.
...
65. Во овој конкретен случај жалителот согледува дека согласно прописите кои важеле во материјалното време делото за кое тој бил осуден претставувало кривично дело кога истото било извршено. Меѓутоа, тој изречно упатува на примената на материјалното право во овој случај и пред сè го испитува концептот на ‘поблага казна’ односно ‘поблаг закон’. Тој смета дека [Кривичниот закон од 1976 г.], кој бил на сила кога било извршено кривичното дело за кое бил осуден, и за кое меѓу другото била предвидена и смртна казна за најсериозните форми, бил поблаг закон од [Кривичниот закон од 2003 г.], кој предвидува долги затворски казни за најсериозните форми на кривични дела во прашање.
...
69. Во овој контекст, Уставниот суд одлучи дека едноставно е невозможно да се ‘елиминира’ построгата санкција која е на располагање согласно двата закони и да се применат само другите, поблаги санкции како последица на што најсериозните кривични дела во пракса не би биле казнети соодветно. Меѓутоа Уставниот суд не дава детално образложение или анализа на тие прописи, туку се фокусира на исклучоците од обврските што произлегуваат согласно членот 7 § 1 од Европската конвенција, а кои се регулирани, како што е општо прифатено, со членот 7 § 2.
70. Во такви ситуации Уставниот суд забележува дека членот 7 § 2 од Европската конвенција упатува на ‘општите начела на правото признати од цивилизираните народи’, а членот III (3) (б) од Уставот на Босна и Херцеговина утврдува дека ‘општите начела на меѓународното право ќе можат да бидат интегрален дел од правото на Босна и Херцеговина и ентитетите.’ Следи дека овие принципи конституираат составен дел од правниот систем на Босна и Херцеговина дури и без посебна ратификација на Конвенциите и други документи кои ја регулираат нивната примена, и на тој начин исто така го вклучуваат Статутот на Меѓународниот суд за гонење на лица одговорни за сериозни повреди на меѓународното хуманитарно право, извршени на територијата на поранешна СФРЈ од 1993 година.
71. Понатаму Уставниот суд обрнува внимание на фактот дека Уставот на Босна и Херцеговина е дел од меѓународен договор и иако овој факт не ја намалува важноста на Уставот, јасно ја посочува позицијата на меѓународното право во рамките на правниот систем на Босна и Херцеговина, така што низа меѓународни конвенции, како што се Конвенцијата за спречување и казнување на геноцидот како кривично дело (1948) и Четвртата женевска конвенција која се однесува на заштитата на цивилното население за време на војна (1949) и дополнителните протоколи I-II (1977), имаат еднаков статус со уставните принципи и директно се применуваат во Босна и Херцеговина. Треба да се спомене дека поранешната СФРЈ била потписничка на споменатите Конвенции и дека Босна и Херцеговина како меѓународен признат субјект кој својата независност ја прогласи на 6 март 1992 г. ги презеде сите конвенции ратификувани од поранешната СФРЈ и со тоа и гореспоменатите Конвенции кои последователно биле вклучени во анексот 4, односно Уставот на Босна и Херцеговина.
72. Формулацијата на членот 7 § 1 од Европската конвенција е ограничена на оние случаи во кои обвинетиот е прогласен за виновен и осуден за кривично дело. Меѓутоа членот 7 § 1 од Европската конвенција ниту забранува ретроспективна примена на законите, ниту го вклучува принципот на non bis in idem. Исто така, членот 7 § 1 од Европската конвенција не може да се примени за случаи како оние на кои се упатува во Законот на Обединетото Кралство за воена отштета од 1965 г., кој го дополнува со ретроспективен ефект прецедентното право, доделувајќи надоместок за приватен имот во одредени воени околности.
73. Уставниот суд забележува дека членот 7 § 1 од Европската конвенција се однесува на кривични дела ‘согласно националното и меѓународното право’. Уставниот суд исто така се осврнува, конкретно, на толкувањето на член 7 дадено во низа текстови што се занимаваат со ова прашање, а кои се засноваат на ставот на Европскиот суд дека една осудителна пресуда што произлегува од ретроспективна примена на националното право не претставува повреда на членот 7 од Европската конвенција каде таквата пресуда се заснова на дело кое било кривично дело согласно ‘меѓународното право’ во времето кога било извршено. Овој став е особено релевантен во однос на актуелниов случај и слични случаи со оглед дека главната поента на жалбата се однесува на примената пред сè на меѓународното право, односно Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид (1948) и Четвртата женевска конвенција која се однесува на заштитата на цивилното население за време на војна (1949) и дополнителните протоколи I-II (1977), наместо примената на еден или друг текст на кривичниот закон, без разлика на нивната содржина или стипулирани санкции.
74. Дополнително, што се однесува до ретроспективната примена на кривичното законодавство, Уставниот суд нагласува дека членот 7 од Европската конвенција бил формулиран веднаш после Втората светска војна со конкретна намера да се вклучат општите начела на правото признаено од цивилизираните народи каде поимот ‘цивилизирани народи’ бил усвоен со членот 38 од Статутот на Меѓународниот суд на правдата (МСП), чија судска пракса генерално е призната како третиот формален извор на меѓународното право. Со други зборови Статутот на Меѓународниот суд на правдата се применува за земјите членки на МСП, а правилата утврдени од истиот се сметаат за извор на право, кое се однесува дури и на општинските власти. И Статутот на Меѓународниот суд на правдата и членот 7 од Европската конвенција ја надминуваат рамката на националното право и зборуваат општо за ‘народи’. Соодветно на тоа, Уставниот суд одлучи дека стандардите за нивната примена требаат да се бараат во овој контекст, а не само во националната рамка.
75. Уставниот суд понатаму забележува дека travaux préparatoires упатува на формулацијата во став 2 од членот 7 од Европската конвенција, за кој се смета дека ‘разјаснува дека членот 7 не влијае на законите што се усвоени во одредени околности после Втората светска војна и планирани за казнување на воени злосторства, предавство и соработка со непријателот, и нема за цел ниту морално ниту правно да ги оспори таквите закони’ (види X v. Belgium, no. 268/57, Yearbook 1 (1957); ... спореди De Becker v. Belgium no. 214/56), Yearbook 2 (1958)). Всушност формулацијата на член 76 од Европската конвенција не е рестриктивна и мора да се толкува динамично за да опфати и други дела кои се однесуваат на неморалното однесување кое генерално се препознава како кривично согласно националните закони. Со оглед на гореспоменатото, Законот за воени злосторства на Обединетото Кралство од 1991 г. доделува ретроспективна јурисдикција на судовите на Обединетото Кралство во однос на одредени тешки повреди на правото како што се убиство, убиство без умисла или убиство казниво со закон извршени на териториите под германска окупација за време на Втората светска војна.
76. Според мислењето на Уставниот суд сè што е горе наведено потврдува дека воените злосторства се ‘кривични дела согласно меѓународното право’, со оглед на универзалната јурисдикција за спроведување на постапките со цел осудителните пресуди за такви дела да не бидат недоследни со членот 7 § 1 од Европската конвенција, согласно закон кој последователно дефинирал и утврдил одредени дела како кривични и предвидел кривични санкции при што таквите дела не конституирале кривични дела согласно законот кој се применувал во времето кога кривичните дела биле извршени. На 4 мај 2000 г. Европскиот суд за човекови права објави одлука во случајот Налетилиќ протов Република Хрватска (бр. 51891/99). Пресудата упатува дека жалителот бил обвинет од Обвинителството на Меѓународниот суд за воени злосторства за поранешна Југославија за воени злосторства извршени на територијата на Босна и Херцеговина, и дека тој поднел жалби дека истите биле идентични со оние на жалителот во овој случај односно тој се повикал на примена на ‘поблаг закон’. Тој тврдел дека Кривичниот закон на Република Хрватска предвидувал поблаги кривични санкции од Статутот на Меѓународниот суд за воени злосторства за поранешна Југославија и побарал примена на членот 7 од Европската конвенција. Во својата одлука, Европскиот суд за човекови права ја разгледал примената на членот 7 и го нагласил следново. ‘Што се однесува до тврдењето на жалителот дека можеби добил построга казна од страна на Хашкиот трибунал од онаа што би ја добил од домашните судови доколку тие ја примениле својата јурисдикција во финализирање на постапките против него, Судот забележува дека дури и под претпоставка да се применува членот 7 од Конвенцијата за овој случај, конкретната одредба што би можела да се примени за него би била ставот 2, а не ставот 1 од членот 7 од Конвенцијата. Ова значи дека втората реченица од членот 7 став 1 од Конвенцијата на која се повикува жалителот не може да се примени. Следи дека жалбата е евидентно неоснована ... и затоа мора да се одбие ...’
77. Конечно, Уставниот суд посочува дека Судењата за воени злосторства во Нирнберг и Токио биле одржани во 1945 и 1946, после Втората светска војна за дела кои дури отпосле, односно со Женевската конвенција, биле дефинирани како дела кои достигнале ниво на воени злосторства, злосторства против човештвото, геноцид, и сл. Агресивната војна била дефинирана како ‘меѓународно злосторство’, согласно потврдата од Комисијата за меѓународно право во нејзиниот Годишник од 1957 г., Том II. Во тоа време исто така се воделе и дискусии за принципот на nullum crimen nulla poena sine lege. Ова исто така се однесува и на Статутот на Меѓународниот суд за гонење на лица одговорни за сериозни повреди на меѓународното хуманитарно право извршени на територијата на поранешна СФРЈ од 1993 година.
78. Сосема е јасно дека концептот на индивидуална кривична одговорност за дела сторени спротивно на Женевската конвенција или соодветните национални закони е тесно поврзан со концептот за заштита на човековите права, со оглед дека конвенциите за човековите права и слични конвенции се занимаваат со правото на живот, правото на физички и емоционален интегритет, забрана на ропство и мачење, забрана на дискриминација, итн. Според мислењето на Уставниот суд се чини дека отсуството на заштита за жртвите односно несоодветните санкции за сторителите на кривични дела не се компатибилни со принципот на правичност и владеењето на правото како што е инкорпорирано во членот 7 од Европската конвенција, чиј став 2 го дозволува овој исклучок од правилото утврден во ставот 1 од истиот член.
79. Имајќи го на ум горенаведеното и земајќи ја во предвид примената на членот 4а од [Кривичниот закон од 2003] поврзан со членот 7 § 1 од Европската конвенција, Уставниот суд заклучи дека во овој случај, примената на [Кривичниот закон од 2003] во постапките спроведени пред [Државниот суд] не претставуваат повреда на член 7 § 1 од Европската конвенција.
16. Релевантниот дел од мислењето на несогласување на судијата Мато Тадиќ, приложено со оваа одлука го вели следново:
„Согласно членот 41 § 2 од Деловникот на Уставниот суд на Босна и Херцеговина (Службен весник на Босна и Херцеговина бр. 60/50) го изнесувам моето издвоено мислење на несогласување во кое изразувам мислење кое не се согласува со мнозинството судии на Уставниот на Босна и Херцеговина во гореспоменатата одлука, од следниве причини:
...
Јас сметам дека домашните судови треба да го применуваат поблагиот закон, односно законот што бил на сила кога биле извршени кривичните дела. Не е лесно да се даде одговор за тоа кој закон е поблаг, и ова правно прашање е многу посложено од она што се чини. Земајќи во предвид околу десет критериуми кои се развиени во теоријата и праксата, може да се заклучи дека во овој случај пропишаната казна е клучниот фактор кој е релевантен во однос на прашањето за тоа кој закон е поблаг. Со оглед дека истото кривично дело постоело (член 142 од [Кривичниот закон од 1976]) и согласно кривичното законодавство на поранешна Југославија, кое Босна и Херцеговина го наследи со Указот од 1992 г., и кое предвидува казна затвор од пет години или смртна казна, додека новото кривично законодавство што е применето во овој случај (член 173 од [Кривичниот закон од 2003]) предвидува казна затвор од десет години или доживотна казна затвор, основното прашање е кој закон е поблаг. На прв поглед [Кривичниот закон од 2003] е поблаг бидејќи не предвидува смртна казна. Меѓутоа ако се земе во предвид дека по стапувањето на сила на Вашингтонскиот договор и Уставот на Федерацијата на Босна и Херцеговина во 1994 г. смртната казна беше укината, што беше потврдено и со Уставот на Босна и Херцеговина од 1995 и земајќи ги во предвид ставовите на регуларните судови во Босна и Херцеговина, ентитетите и Округот Брчко (Врховниот суд на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Врховниот суд на Република Српска и Апелациониот суд на Округот Брчко) дека забрането е изрекување на смртна казна (овој став го зазеде и Судскиот совет за човекови права во случајот на Дамјановиќ и Херак против Федерацијата на Босна и Херцеговина) се чини дека Законот од 1992 е поблаг. Според гореспоменатите судски позиции и законот максималната казна затвор што може да се изрече за ова кривично дело е 20 години.
Упатувањето на членот 7 § 2 од Европската конвенција е нерелевантно во овој случај. Членот 7 § 2 од Европската конвенција пред сè има задача да обезбеди основа за кривично гонење за повреди на Женевската конвенција пред меѓународни тела формирани за вакви случаи, како на пример Меѓународните судови за воени злосторства за поранешна Југославија и Руанда, и за да обезбеди правна основа за случаите кои чекаат пред домашните судови кога домашното право нема да успее да ги уреди дејствијата во прашање како кривични дела. Со други зборови ова е случај кога законодавецот не успеал да ги вклучи сите елементи со кои се карактеризираат споменатите дела согласно Женевската конвенција. Овој случај не го покренува тоа прашање. Кривичното дело во прашање постоело во домашното законодавство како кога делото било извршено така и во времето на судењето и затоа сите механизми на кривичното право и заштитените уставни права треба доследно да се применуваат, вклучително и правата гарантирани согласно Европската конвенција. Случајот Налетелиќ не е релевантен овде бидејќи се однесува на меѓународен обвинител кој го обвинил [жалителот] пред меѓународен суд кој бил формиран на посебна основа и поседува овластувања дефинирани со Резолуција на Обединетите нации и нејзиниот Статут; не применува национално законодавство туку повеќе сопствени постапки и санкции/казни. Доколку беше поинаку, многу мал број на обвинети лица би одговарале на судските покани за постапки пред тој суд. Оттука, јас сметам дека ставот на Европскиот суд за човекови права во случајот на Налетелиќ бил правилен, но дека овој став не може да се примени во овој случај.
Јас сметам дека опсежното упатување на меѓународен суд е апсолутно непотребно, како што е упатувањето на неговата јурисдикција, и сл., со оглед дека прашањето овде едноставно се однесува на домашниот суд кој спроведува судење во согласност со националното законодавство, а не се работи за случај кој бил префрлен на меѓународен суд.
Одлуката во случајот Налетелиќ главно се занимава со историја (Нирмберг, Токио) и генерално меѓународниот аспект којшто е целосно непотребен во овој случај бидејќи нашето национално законодавство, како што е посочено горе го вклучува ова кривично дело, а кога делото било сторено веќе била пропишана казна за разлика од случајот со Нирмберг. Исто така, жалителот не го оспорува горенаведеното. Всушност самиот жалител е тој кој посочува дека националното законодавство ги регулирало инкриминирачките дела како кривични дела и ги санкционирало, а жалителот само бара да се примени истото. Тој исто така вели дека со оглед дека не се применил членот 142 од наследениот [Кривичен закон од 1976] наместо [Кривичниот закон од 2003] имало повреда на Уставот и членот 7 § 1 од Конвенцијата.
Во обид ова објаснување да биде кратко јас ќе се потсетам на мислењето на г-динот Антонио Касезе, ценет професор на Државниот универзитет во Фиренца, кој беше назначен за претседател на Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Во еден документ од 2003 г. насловен како ‘Мислење за можноста за ретроактивна примена на некои одредби од новиот Кривичен закон на Босна и Херцеговина’, професорот Касезе го заклучува следново: ‘Конечно дозволете ни да се осврнеме на прашањето дали [Државниот суд] треба да применува поблаги санкции во случај на кривично дело за кое новиот Кривичен закон предвидува построга казна од онаа предвидена во стариот. Одговорот на ова прашање може да биде само потврден. Овој заклучок се потпира на две правни основи: прво, постои општ принцип на меѓународно право според кој доколку едно кривично дело е предвидено во две последователни одредби каде едната наметнува помалку строга казна, таа казна треба да се утврди согласно принципот на favor libertatis; второ, овој принцип е експлицитно споменат во членот 7 § 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, каде се вели дека нема да се изрекува казна построга од онаа што важела во времето кога кривичното дело било извршено. Соодветно на тоа, [Државниот суд] треба да применува поблага казна секогаш кога постои разлика во должината на казната кога првата се споредува со новата кривична одредба. Јасно е дека ретроактивната примена на Кривичниот закон е поврзана само со казната, а не со другите елементи на овој член.’
...
Од гореспоменатите причини, не можам да се согласам во целост со мислењето на мнозинството кое е преставено во оваа одлука.“
17. На 12 јуни 2009 г. жалителот ја отслужил казната и наскоро потоа ја напуштил земјата.
В. Фактите што се однесуваат на г-динот Дамјановиќ
18. Г-динот Дамјановиќ е роден во 1966 г. Сè уште ја одлежува својата казна затвор во затворот во Фоча.
19. На 2 јуни 1992 г. за време на војната во Босна и Херцеговина тој играл истакната улога во тепањето на заробените Бошњаци во Сараево, во инцидент што траел меѓу еден и три часа и при тоа се користеле пушки, пендреци, шишиња, клоци и тупаници. Жртвите потоа биле однесени во камп за интернација.
20. На 17 октомври 2005 г. Судскиот совет за претходна постапка на Државниот суд одлучил да го преземе случајот од сараевскиот Кантонски суд каде што чекал со години, со оглед на неговата чувствителност (случајот се однесувал на мачење на голем број на жртви) и фактот дека Државниот суд имал подобри услови за заштита на сведоците (поголем ризик од заплашување на сведоците на ниво на ентитет). Тој се потпирал на критериумите утврдени во параграф 40 долу и член 449 од Законот за судска постапка од 2003 год.
21. На 26 април 2006 г. жалителот бил уапсен.
22. На 18 јуни 2007 г. Судечкиот судски совет на Државниот совет го осудил за мачење како воено злосторство и му одредил казна затвор од единаесет години за тоа кривично дело согласно членот 173 § 1 од Кривичниот закон од 2003. Апелациониот судски совет од истиот суд на 19 ноември 2007 г. ја потврдил пресудата. Второстепената пресуда му била врачена на жалителот на 21 декември 2007 г.
23. На 20 февруари 2008 г. жалителот поднел уставна жалба. Таа била отфрлена како застарена на 15 април 2009 г.
II. РЕЛЕВАНТНОТО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА И РЕЛЕВАНТНИТЕ МЕЃУНАРОДНИ МАТЕРИЈАЛИ
А. Важечкото материјално право за случаи на воени злосторства
1. Општи принципи
24. Во согласност со неговите овластувања во вонредни ситуации[8] на 24 јануари 2003 г. Канцеларијата на Високиот претставник го претставила Кривичниот закон од 2003 година. Законот стапил на сила на 1 март 2003 год. Последователно бил усвоен од Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина[9]. Членот 3 затоа уредува дека не можат да се изрече никаква казна или друга кривична санкција против лице за дело кое во времето кога било извршено, не претставува кривично дело согласно националното или меѓународното право и за кое немало со закон пропишана казна. Исто така, согласно членот 4 од Законот за сторителот се применува законот кој бил на сила во времето кога кривичното дело било извршено; меѓутоа ако законот бил изменет после извршувањето на делото мора да се примени законот што е поблаг кон сторителот. Во јануари 2005 г. членот 4а бил додаден на Кривичниот закон од 2003 г. Како и членот 7 § 2 од Конвенцијата, тој стипулира дека одредбите од членовите 3 и 4 од Кривичниот закон не смеат да го прејудицираат судењето и казната на лицето за дело или пропуст кој во времето кога било извршено било кривично дело согласно општите начела на меѓународното право.
25. Согласно овие принципи, домашните судови во случаите на воени злосторства го применувале или Кривичниот закон[10] од 1976 г. или ако се сметал дека е поблаг во однос на сторителот Кривичниот закон од 2003 г. Бидејќи посредните Закони на ентитетите (Кривичниот закон од 1998 г. на Федерацијата на Босна и Херцеговина[11] и Кривичниот закон од 2000 г. на Република Српска[12]) ретко, а можеби и никогаш не биле применети во такви случаи, тие се нерелевантни за овие жалители.
2. Кривичниот закон од 1976 г.
26. За време на војната во Босна и Херцеговина Кривичниот закон од 1976 г. бил на сила во целата земја. Тој останал на сила во Федерацијата на Босна и Херцеговина до 1998 г., а во Република Српска до 2000 г. (кога бил укинат и заменет со законите на ентитетите споменати во параграф 25 горе). Согласно Законот воените злосторства биле казнувани со казна затвор од 5-15 години или во најсериозните случаи смртна казна; казна затвор од 20 години исто така можела да биде изречена во замена на смртната казна (види ги членовите 37, 38 и 142). Оние кои ги помагале воените злосторства (како г-динот Мактауф) требале да се казнат како и тие да вршеле воени злосторства, но нивната казна исто така можела да се намали до една година казна затвор (членовите 24, 42 и 43 од тој Закон). Релевантните членови го велат следново:
Член 24 § 1
„Сите кои намерно му помагаат некому во извршувањето на кривично дело ќе бидат казнети исто како и самите да го сториле, но казната може да биде намалена.“
Член 37 § 2
„Смртната казна може да се изрече само за најсериозните кривични дела кога тоа е предвидено со закон.“
Член 38 §§ 1 и 2
„Казната затвор не може да е пократка од 15 дена или подолга од 15 години.
Судот може да изрече казна затвор од 20 години за кривични дела за кои може да се изрече смртна казна.“
Член 42
„Судот може да изрече казна под ограничувањето пропишано со закон или да изрече поблаг вид на казна:
(a) кога е уредено со закон дека казната може да биде намалена [како во член 24 § 1 од овој Закон];
(б) кога ќе утврди дека постојат такви олеснителни околности кои покажуваат дека целта на казната може да биде постигната со помала казна.“
Член 43 § 1
„Кога постојат услови за намалување на казната на кои се упатува во член 42 од овој Закон, судот ќе ја намали казната во рамките на следниве ограничувања:
(a) ако е пропишана казна затвор од три или повеќе години како минимум за кривичното дело, ова може да се намали на казна затвор од една година;
...”
Член 142 § 1
„Секој што ќе нареди или спроведе ... мачење, ... земање заложници, ... при тоа прекршувајќи ги правилата на меѓународното право кое се применува за време на војна, вооружен конфликт или окупација, ќе биде казнет со казна затвор од најмалку пет години или со смртна казна.“
27. По стапувањето на сила на Дејтонскиот договор на 14 декември 1995 г. смртната казна повеќе не може да се изрекува. Особено согласно Анексите 4 и 6 во истиот, Босна и Херцеговина и нејзините ентитети мораат на сите лица во рамките на нејзината јурисдикција да им ги обезбедат правата и слободите предвидени во Конвенцијата и нејзините протоколи (вклучително Протоколот бр. 6 за укинување на смртната казна) и во другите договори за човекови права што се набројани таму (вклучително Вториот факултативен протокол на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права за смртната казна). За домашните власти овие одредби секогаш значеле дека никој не може да биде осуден на смрт или да биде егзекутиран во мирновременски услови, дури и за злосторства од времето на војната од 1992-95 година[13].
3. Кривичниот закон од 2003 г.
28. Согласно Кривичниот закон од 2003 г. воените злосторства повлекуваат казна затвор за период од 10-20 години, или во најсериозните случаи доживотна казна затвор за период од 20-45 години (член 42 и 173 од истиот). Оние што го помагаат извршувањето на воени злосторства (како на пр. г-динот Мактауф) треба да бидат казнети како самите да сториле воени злосторства, но нивната казна исто така може да биде намалена на пет години казна затвор (види ги членовите 31, 49 и 50 од тој Закон). Релевантните членови го велат следново:
Член 31 § 1
„Сите кои намерно му помагаат некому во извршувањето на кривично дело ќе бидат казнети исто како и самите да го сториле, но казната може да биде намалена.“
Член 42 §§ 1 и 2
„Казната затвор не може да е пократка од 30 дена или подолга од 20 години.
За најсериозните кривични дела сторени со умисла, може како исклучок да се изрече казна затвор од 20 до 45 години (доживотна казна затвор).“
Член 49
„Судот може да ја утврди казната под ограничувањето пропишано со закон или да изрече поблаг вид на казна:
(a) кога е уредено со закон дека казната може да биде намалена [како во член 31 § 1 од овој Закон];
(б) кога ќе утврди дека постојат такви олеснителни околности кои покажуваат дека целта на казната може да биде постигната со помала казна.“
Член 50 § 1
„Кога постојат услови за намалување на казната на која се упатува во член 49 од овој Закон, судот ќе ја намали казната во рамките на следниве ограничувања:
(a) ако е пропишана казна затвор од десет или повеќе години како минимум за кривичното дело, таа може да се намали на казна затвор од пет година;
...”
Член 173 § 1
„Секој што ќе нареди или спроведе ... мачење, ... земање заложници, ... при тоа прекршувајќи ги правилата на меѓународното право кое се применува за време на војна, вооружен конфликт или окупација, ќе биде казнет со казна затвор од најмалку десет години или доживотна казна затвор.“
4. Пракса на казнување
29. Судовите на ентитетот и Државниот суд ги толкуваат принципите што се дадени во параграф 24 горе различно во случаите на воени злосторства. Со неколку исклучоци[14], судовите на ентитетите генерално го применувале Законот од 1976 г. Наспроти тоа Државниот суд на почетокот одлучил дека Законот од 2003 секогаш бил поблаг и го применувал во сите случаи. Меѓутоа во март 2009 г. Државниот суд почнал да применува нов пристап со кој требало да се утврди зависно од случајот кој од законите бил поблаг за сторителот[15]. Од тогаш го има применувано Законот од 1976 г. за помалку сериозни случаи на воени злосторства[16]. Истовремено продолжил да го применува Законот од 2003 г. за посериозни случаи на воени злосторства кои биле казниви со смртна казна според Законот од 1976 г.[17], и секогаш кога ќе одлучел дека Законот од 2003 г. бил поблаг за сторителот од било која причина[18]. Треба да се забележи дека новиот пристап се однесува само на апелационите судски совети на Државниот суд; судечките судски совети продолжиле да го применуваат Законот од 2003 г. во сите случаи на воени злосторства. Според цифрите обезбедени од Владата (види параграф 63 долу), апелационите судски совети усвоиле 21 пресуда за случаи на воени злосторства во периодот меѓу март 2009 г., кога новиот пристап бил применет за првпат и ноември 2012 г. Тие го примениле Законот од 1976 г. во пет од нив и Законот од 2003 г. во 16 од нив. Меѓутоа, примената на Законот од 1976 од страна на апелационите судски совети не секогаш водела кон намалување на казната (во два случаи[19], апелациониот судски совет ја изрекол истата казна согласно Законот од 1976 г. како на судечкиот судски совет согласно Законот од 2003; во еден случај[20], казната изречена од апелациониот судски совет согласно Законот од 1976 била построга од онаа изречена од судечкиот судски совет согласно Законот од 2003).
5. Забелешки од други меѓународни тела за човекови права
30. Се чини дека примената на различни Кривични закони во случаи на воени злосторства, како што е опишано во претходниот параграф довело до различни пракси во изрекувањето на казни. Според извештајот објавен од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во 2008 г. („Во насока на усогласена примена на законите во случаите на воени злосторства пред Судовите во Босна и Херцеговина“), судовите на ентитетите генерално изрекувале полесни казни од тие на Државниот суд. Релевантниот дел од извештајот го вели следново:
„Користењето на различни кривични закони води кон забележливи разлики меѓу казните изречени во Државниот суд и судовите на ентитетите за воени злосторства. Ова произлегува од широки варијации во казните што се на располагање согласно овие закони. На пример, еден суд на ентитет го осудил еден обвинет за сурово постапување со затвореници на казна затвор од една година и осум месеци иако Државниот суд на друг обвинет за слично дело му изрекол казна затвор од десет и пол години. Во просек казните што ги изрекувал [Државниот суд] за случаи на воени злосторства биле речиси дупло подолги од оние изречени од судовите на ентитетите.“
31. Во Извештај од 2011 г. („Делење на правда во Босна и Херцеговина“) ОБСЕ се изјаснил дека примената на различни кривични закони на ниво на држава и ентитет може да е проблематична кај одредени видови на случаи на воени злосторства. Релевантниот дел од извештајот го вели следново:
„Секако, прифатливо е кој Кривичен закон ќе се примени за случаи на воени злосторства да се проценува за секој случај поединечно. Во многу случаи пред судовите на ентитетите, примената на Законот [од 1976] не претставува сериозен проблем во пракса. Генерално, случаите во кои примената на различни закони го поткопува принципот на еднаквост пред законот се оние во кои судот со примена на Законот [од 2003] може на обвинетиот да му изрече казна затвор поголема од максималната казна од 15 или 20 години пропишана од Законот [од 1976]. Во овие случаи примената на Законот [од 1976] наводно не му дозволува на судот да изрече казна која е пропорционална на сериозноста на делото. Ниту пак казните во тие случаи се усогласени со праксата на државно ниво. Друга категорија на случаи во кои примената на Законот [од 1976] е проблематична се оние во кои однесувањето на обвинетите најдобро потпаѓа под концептот на злосторства против човештвото или под теоријата за командна одговорност која е изречно опишана само во Законот [од 2003].“
32. Комитетот за човекови права во своите „заклучни забелешки“ за Босна и Херцеговина во 2012 г. (CCPR/C/BIH/CO/1) изразил слична загриженост (во § 7):
„Иако ги цени напорите за справување со случаите на воени злосторства како што е спроведувањето на Националната стратегија за процесирање на воените злосторства, Комитетот и понатаму е загрижен заради бавното темпо на гонење, особено на оние случаи поврзани со сексуалното насилство, како и отсуството на поддршка за жртвите на таквите злосторства. Комитетот е исто така загрижен заради отсуството на напори за усогласување на јуриспруденцијата за воените злосторства кај ентитетите, и дека судовите на ниво на ентитет користат архаичен Кривичен закон на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) кој меѓу другото не дефинира злосторства против човештвото, командната одговорност, сексуалното ропство и принудената бременост. Комитетот е загрижен дека ова може да има последици во однос на доследноста во казнувањето кај ентитетите (член. 2 и 14). Државата треба да ги забрза обвинителните постапки за случаите на воени злосторства. Државата треба исто така да продолжи да обезбедува адекватна психолошка поддршка за жртвите на сексуално насилство, особено за време на судењата. Исто така, Државата треба да овозможи судството во сите ентитети да вложи напори во насока на усогласување на јуриспруденцијата за воените злосторства, а обвиненијата за воени злосторства да не се судат согласно стариот Кривичен закон на поранешната СФРЈ, кој не препознава одредени дела како злосторства против човештвото.“
33. Во своето Мислење за правната сигурност и независноста на судството во Босна и Херцеговина (бр. 648/2011), објавено на 18 јуни 2012, Венецијанската комисија забележува дека постоењето на неколку правни поредоци и исцепканоста на судството и отежнува на Босна и Херцеговина да ги исполни, меѓу другото, условите за доследност во законодавството и судската пракса.
Б. Државниот суд
34. Согласно своите овластувања во вонредни ситуации, на 12 ноември 2000 г. Канцеларијата на Високиот претставник го претставил Законот за Државниот суд од 2000 г. со кој бил формиран Државниот суд[21]. Законот стапил на сила на 8 декември 2000 г. Последователно бил усвоен од Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина.
35. Како дел од завршната стратегија на Хашкиот трибунал спомената во параграф 9 горе, судскиот совет за воени злосторства бил формиран во рамките на Државниот суд на почетокот на 2005 г. За време на преодната фаза која завршила на 31 декември 2012 г. некои меѓународни судии биле вклучени во составот на овие судски совети. На почетокот тие биле назначувани од Канцеларијата на Високиот претставник во согласност со нејзиниот договор од 2004 г. со властите на Босна и Херцеговина[22]. Мандатот на тие судии бил две години и можел да се обнови. Типичната одлука за назначување на еден меѓународен судија, во релевантниот дел, го вели следново:
“...
Земајќи ја во предвид заедничката препорака за назначување на меѓународен судија од 22 април 2005 г., потпишана од секретарот на Регистарот на I Отсек за воени злосторства и II Отсек за организиран криминал, стопански криминал и корупција на Кривичното и Апелационото одделение на [Државниот суд] и [Специјалните оддели на Обвинителството на Босна и Херцеговина], претседателот на [Државниот суд] и претседателот на Високиот судско-обвинителски совет на Босна и Херцеговина;
Високиот претставник со ова ја објавува следнава одлука за назначување на меѓународен судија во I Отсек за воени злосторства на Кривичното и Апелационото одделение на [Државниот суд]
1. Согласно членот 65 § 4 со измените и дополнувањата на [Законот за Државниот суд] со ова е назначено следново лице за меѓународен судија во I Отсек за воени злосторства на Кривичното и Апелационото одделение на [Државниот суд]:
Пиетро Спера
2. Првичниот мандат на неговиот ангажман ... ќе биде на две години со можност за повторно именување согласно [Законот за Државниот суд од 2000]. [Номинираниот] ќе треба да престојува во Босна и Херцеговина за време на својот мандат и не може да врши ниедна друга функција што не е компатибилна со неговата позиција на судија или која може да го попречи неговото вршење на судска функција со полно работно време. До она ниво до кое се применливи ќе важат сите други услови што се однесуваат на судски услуги како што се утврдени во [Законот за Државниот суд од 2000] ...
3. Меѓународниот секретар на Регистарот на I Отсек за воени злосторства и II Отсек за организиран криминал, стопански криминал и корупција на Кривичното и Апелационото одделение на [Државниот суд] и [Специјалните оддели на Обвинителството на Босна и Херцеговина] ќе го известуваат Високиот претставник за секоја појава, вклучително и оние на кои се упатува во параграф 2 [горе] што би можеле да го спречат [назначеното лице] да ја врши својата функција. Во случај на оставка или неможност од страна на [назначеното лице] да го заврши својот мандат, Високиот претставник ќе назначи наследник за да го заврши гореспоменатиот мандат.
4. За време на својот мандат назначеното лице ќе ги заврши сите програми за обука согласно насоките на претседателот на [Државниот суд] и ќе се придржува до сите стандарди на професионално однесување утврдени од [Државниот суд] .
5. [Назначеното лице] ќе ја извршува функцијата на судија во согласност со Уставот и законите на Босна и Херцеговина, ќе одлучува согласно своето знаења и на совесен, одговорен и непристрасен начин ќе го поддржува владеењето на правото и ќе ги штити слободите и правата на поединците на кои имаат право согласно Уставот и Европската конвенција за човекови права. Пред да ја преземе својата службена функција, што не смее да е подоцна од 6 мај 2005г., меѓународниот судија свечено ќе се заколни пред претседателот на Високиот судско-обвинителски совет на Босна и Херцеговина.
6. Решението ќе стапи на сила веднаш и ќе биде објавено без одлагање во Службениот весник на Босна и Херцеговина.“
36. Во септември 2006 г. Канцеларијата на Високиот претставник за Босна и Херцеговина ја разгледала постапката за назначувањето на меѓународните судии во Државниот суд[23]: после тоа меѓународните судии биле назначенуваи од специјализирано професионално тело, Високиот судско-обвинителски совет на Босна и Херцеговина, исто така за нов период од две години.
В. Јурисдикција за случаи на воени злосторства
37. Домашните случаи на воени злосторства можат да се поделат во две категории.
38. Старите случаи (пријавени пред 1 март 2003) остануваат во судовите на ентитетите доколку обвинението станало правосилно пред 1 март 2003 г. Доколку обвинението не станало правосилно пред 1 март 2003 г. тие остануваат во судовите на ентитетите освен ако Државниот суд не одлучи да преземе некој таков случај во согласност со критериумите утврдени во параграф 40 долу (види член 449 од Законот за кривична постапка од 2003[24]).
39. Новите случаи (пријавени после 1 март 2003) потпаѓаат под јурисдикција на Државниот суд, но Државниот суд може таквите случаи да ги префрли на надлежниот суд на ентитетот во согласност со критериумите утврдени во параграф 40 долу (види член 27 од Законот за кривична постапка од 2003 г.).
40. Во согласност со Правилникот за разгледување на случаите на воени злосторства од 28 декември 2004[25] следниве видови на случаи по правило требале да бидат сослушувани пред Државниот суд: (а) случаи во врска со геноцид, чистења, повеќекратни убиства, силувања и други сериозни сексуални напади како дел од систем (како на пр. во камповите), поробување, мачење, прогон од широки и систематски размери, масовно присилно затворање во кампови; (б) случаи против поранешни или актуелни воени команданти, поранешни и актуелни политички лидери, поранешни или актуелни претставници на судството, поранешни или актуелни шефови на полицијата, команданти на кампови, лица со озогласена репутација во минатото или денес, повеќекратни силувачи; (в) случаи со сведоци инсајдери или осомничени; (г) доколку постои ризик од заплашување на сведок; и (д) случаи кои вклучуваат сторители на дела во област во која со симпатија се гледа на нив или каде властите имаат интерес да спречат интерес на јавноста за злосторствата. Сите други случаи на воени злосторства по правило биле сослушани пред судовите на ентитетите. Во декември 2008 г. властите усвоиле Национална стратегија за воени злосторства со која меѓу другото се уредува нова група на критериуми. Меѓутоа тие се речиси идентични на оние што се посочени горе.
Г. Повторување судење на случаи на воени злосторства
41. Членот 327 од Законот за кривична постапка од 2003 г. уредува дека може да се повтори судењето во корист на сторителот кога Европскиот суд за човекови права утврдил дека за време на судењето биле прекршени човековите права и дека пресудата се засновала на тие повреди. Едно барање за повторно судење не подложи на рокови. Може да се поднесе дури и откако ќе се отслужи казната (член 329 § 2 од овој Закон).
Согласно членот 333 § 4 од овој Закон во секое ново судење пресудата не може да се модифицира на штета на обвинетиот (забрана на reformatio in peius).
Д. Меѓународно хуманитарно право
42. Согласно Женевската конвенција од 1949 г. (види, на пример, член 146 од Конвенцијата која се однесува на Заштитата на цивилното население за време на војна), високите договорни страни мораат да го спроведат секој закон што е потребен за да се обезбеди делотворен панел на санкции за лица кои извршиле или наредиле извршување на некакви тешки повреди на тие Конвенции. Истовремено, обвинетите лица мора во сите околност да имаат корист од заштитата на соодветно судење и одбрана кои се помалку наклонети од оние обезбедени од страна на Конвенцијата што се однесува до Постапувањето со воени затвореници.
43. Согласно членот 99 од Конвенцијата што се однесува на Постапувањето со воени затвореници на ниеден воен затвореник не може да му се суди или да се осуди за дело кое не било забрането во времето кога споменатото дело било сторено, согласно актуелното законодавство или меѓународното право. Правилото за тоа дека кривичните дела и казни не се ретроактивни исто така се јавува и во дополнителните Протоколи I и II од 1977 г. со речиси идентична формулација. Член 75 § 4 (в) од Дополнителниот протокол I го вели следново:
„Никој не може да биде обвинет или осуден за кривично дело заради некакво дејствување или пропуст кој не претставувал кривично дело согласно националното или меѓународното право на кое тој подложел во времето кога го сторил; ниту пак ќе се изрече построга казна од таа која важела во времето кога кривичното дело било извршено; ако после извршувањето на делото, постои одредба во законот за изрекување на поблага казна, сторителот ќе ја искористи таа можност.“
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 6 § 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
44. Првиот жалител, г-динот Мактауф се жалел дека не добил правична расправа пред независен суд со што бил прекршен членот 6 § 1 од Конвенцијата. Тој се изјаснил дека судот што му судел не бил независен во смисла на значењето на таа провизија, имено затоа што двајца од неговите членови биле назначени од страна на Канцеларијата на Високиот претставник со мандат од две години кој можел да се обнови. Релевантниот дел од член 6 § 1 вели:
„При утврдувањето на ... секакво кривично обвинение против него, секој има право на правична ... расправа ... пред независен и непристрасен суд воспоставен со закон“.
А. Изјаснување на странките
1. Владата
45. Владата тврдеше дека Босна и Херцеговина не може да се смета за одговорна за однесувањето на високиот претставник (тие упатија на Berić and Others v. Bosnia and Herzegovina (dec.), nos. 36357/04 et al., ECHR 2007‑XII). Затоа го повикаа судот да ја прогласат оваа жалба за недопуштена затоа што била некомпатибилна ratione personae. Дури и ако Судот имал јурисдикција ratione personae да одлучува по оваа жалба, Владата се изјасни дека таа била евидентно неоснована. Конвенцијата не барала судиите да бидат доживотно назначени како што е прикажано во случајот Срамек против Австрија (Sramek v. Austria, 22 October 1984, Series A no. 84), каде Судот сметал дека назначувањето за период од три години кој можел да се обнови било доволно. Исто така, меѓународните членови на Државниот суд биле назначени за судии во нивните земји на потекло од страна на независни тела и биле поддржани во Државниот суд како средства за меѓународна помош на Босна и Херцеговина која била разединета од војна.
2. Жалителот
46. Жалителот одговори дека Босна и Херцеговина имала обврска да го организира својот правен систем на начин што ќе обезбедел независност на судството. Тој се изјасни дека краткото траење на мандатот на меѓународните судии (две години) со можност за повторно назначување фрлало сериозен сомнеж на нивната способност да носат независни одлуки. Тој додаде, без да се потпира на некаков конкретен извор, дека според прифатените критериуми, мандати од помалку од шест години не биле задоволувачки како гаранција за независноста на судиите. Исто така, меѓународните судии на Државниот суд биле назначени, во релевантното време, од Канцеларијата на високиот претставник, што може да се спореди со националните власти. Со оглед на горенаведеното жалителот заклучи дека судечкиот суд не бил независен во рамките на значењето на членот 6 § 1 од Конвенцијата.
3. Третата странка
47. Канцеларијата на Високиот претставник, во своето изјаснување на трета странка од ноември 2012 г. тврдеше дека присуството на меѓународните судии во Државниот суд имало за цел да промовира независност и непристрасност како и трансфер на потребното правно знаење. Тој исто така се изјасни дека нивните одлуки при назначувањето на меѓународните судии биле формални, заради фактот дека ниеден домашен орган немал овластување да назначи лица кои не биле државјани пред крајот на 2006 (види параграф 36 горе). Што се однесува до времетраењето на нивниот мандат, Канцеларијата на Високиот претставник тврдела дека ова било заради финансиските ограничувања за повторното распоредување на странски судски службени лица: имено буџетските предвидувања и ограничувања не дозволувале финансиски гаранции на подолг период. Конечно, третата странка тврдела дека мандатите на меѓународните судии биле соодветно регулирани и тие не можеле да бидат своеволно отпуштени.
Б. Оценка на Судот
48. Судот забележа од самиот почеток дека формирањето на судските совети за воени злосторства во рамките на Државниот суд кој се состои од меѓународни и национални судии било иницијатива на меѓународните институции (види параграф 9 горе). Меѓутоа, не се бара во актуелниот случај да се одлучи дали тужената влада сепак може да се смета за одговорна за наводна повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата, бидејќи смета дека оваа жалба во секој случај е евидентно неоснована заради долунаведените причини.
49. По пат на општи набљудувања, Судот потврдува дека при утврдувањето во претходните случаи дали едно тело може да се смета за „независно“ – секако од извршната власт и од париите во случајот – ги земал во предвид факторите како што се начинот на назначување на неговите членови, времетраењето на нивниот мандат на функцијата, постоењето на гаранции од надворешни притисоци и прашањето дали телото дава впечаток на независно (види на пример Campbell and Fell v. the United Kingdom, 28 June 1984, § 78, Series A no. 80, и Brudnicka and Others v. Poland, no. 54723/00, § 38, ECHR 2005‑II). Неможноста судиите да бидат тргнати од страна на извршната власт за време на нивниот мандат генерално се смета за резултат на нивната независност и оттука е вклучено во гаранциите на членот 6 § 1 (види Кембел и Фел, цитиран горе, § 80). Иако идејата за разделување на власта меѓу политичките органи на владата и судството зазема сè поголема важност во судска пракса на Судот (види Stafford v. the United Kingdom [GC], no. 46295/99, § 78, ECHR 2002-IV), назначувањето на судиите од страна на извршната или законодавната власт е дозволено под услов назначените да се слободни од влијание или притисок кога ја извршуваат својата судска улога (види Flux v. Moldova (no. 2), no. 31001/03, § 27, 3 July 2007).
50. Осврнувајќи се на актуелниот случај Судот забележува дека независноста на националниот член на судечкиот суд не бил оспорен. Што се однесува до меѓународните членови не постои никаква причина за сомнеж во нивната независност од политичките органи на Босна и Херцеговина и странките во случајот. Нивното назначување навистина било мотивирано меѓу другото од желбата за зајакнување на впечатокот за нивната независност од судските совети за воени злосторства на Државниот суд (со оглед на сè уште постоечката етничка пристрасност и непријателство кај најголемиот дел од населението во поствоениот период) и да се врати довербата на јавноста во домашниот судски систем.
51. Иако тие биле именувани од Високиот претставник, Судот не најде причини да се сомнева во независноста на меѓународните членови на Државниот суд во рамките на таа институција. Именувањето се правело на основа на препорака од највисоките судски инстанци во Босна и Херцеговина (види ја одлуката цитирана во параграф 35 горе). Како и националните членови чија независност била неспорна, и судиите во прашање откако ќе биле именувани морале да дадат свечена заклетва пред Високиот судско-обвинителски совет на Босна и Херцеговина и од нив се барало да ги извршуваат своите судски обврски во согласност со националните закони и почитувајќи ги правилата на професионалното однесување утврдено од Државниот суд. Сите услови за судската служба како што се дадени во Законот за Државниот суд од 2000 г. важеле за нив по аналогија (види параграф 35 горе). Фактот дека судиите во прашање биле поддржани од професионални судии во своите ценети земји претставувало дополнителна гаранција против притисокот од надвор. Реално нивниот мандат на функцијата бил краток, но ова е разбирливо со оглед на привремената природа на меѓународното присуство во Државниот суд и механиката на меѓународните назначувања.
52. Наспроти ова Судот не гледа причини да се сомнева во наодот на Уставниот суд на Босна и Херцеговина во овој случај дека Државниот суд бил независен во рамките на значењето на членот 6 § 1 од Конвенцијата (види параграф 15 горе; наспроти тоа Henryk Urban and Ryszard Urban v. Poland, no. 23614/08, §§ 45-53, 30 November 2010).
53. Соодветно на тоа, оваа жалба е евидентно неоснована и затоа мора да се отфрли согласно членот 35 §§ 3 (а) и 4 од Конвенцијата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 7 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
54. Двајцата жалители се жалеле и по членот 7 од Конвенцијата дека во нивните случаи бил применет построг кривичен закон отколку тој што се применувал во времето кога ги извршиле кривичните дела. Членот 7 уредува:
„1. Никој нема да се смета за виновен за кривични дела за одреден чин или пропуст кој не претставувал кривично дело согласно националното или меѓународното право во времето кога било сторено. Ниту пак ќе се изрече построга казна од онаа што можела да се примени во времето кога кривичното дело било извршено.
2. Овој член не влијае на пресудата или казната за лице кое е виновно за делување или пропуст, ако тоа дело во моментот на извршувањето претставувало кривично дело според општите правни начела признати од цивилизираните народи.“
А. Воведна забелешка
55. Сериозните повреди на меѓународното хуманитарно право кои потпаѓаат под јурисдикцијата на Државниот суд можат да се поделат на две категории. Некои кривични дела, имено злосторствата против човештвото, биле воведени во националната правна рамка во 2003 г. Државниот суд и судовите на ентитетите оттука немаат друга опција освен да го применуваат Кривичниот закон од 2003 г. во таквите случаи (види ги меѓународните материјали цитирани во параграфите 31 и 32 горе). Во врска со ова Судот потврдува дека во случајот Шимшиќ против Босна и Херцеговина (Šimšić v. Bosnia and Herzegovina (dec.), no. 51552/10, 10 April 2012), жалителот се жалел на неговата пресуда од 2007 г. за злосторства против човештвото за дела што се случиле во 1992 г. Судот го разгледал тој случај, меѓу другото и во однос на членот 7 од Конвенцијата и го прогласил за евидентно неоснован. Тој сметал дека фактот дека злосторствата против човештвото не биле опфатени од националниот закон за време на војната од 1992-95 бил нерелевантен бидејќи тие биле јасно утврдени кривични дела согласно меѓународното право во тоа време. Наспроти тоа воените злосторства извршени од сегашните жалители претставувале кривични дела и согласно националното право во времето кога биле извршени. Оттука овој случај опфаќа целосно различни прашања отколку случајот на Шимшиќ.
Б. Допуштеност
56. Владата тврдеше дека жалбата на г-динот Дамјановиќ требала да се отфрли со оглед на тоа што тој не поднел уставна жалба во предвидениот рок. Тие не приговараа на допуштеноста на жалбата на г-динот Мактауф.
57. Г-динот Дамјановиќ тврдел дека уставната жалба не бил делотворен правен лек за оваа жалба бидејќи не нудела разумни шанси за успех (тој се повикал на одлуката на Уставниот суд во случајот на Мактауф, каде не утврдил повреда на членот 7 и многу последователни случаи во кои го дале истото образложение).
58. Судот потврдува дека улогата на исцрпувањето на домашните правни лекови на што се упатува во членот 35 § 1 од Конвенцијата бара од жалителите најпрво да ги искористат домашните правни лекови, со што државите нема да мора да одговараат пред Европскиот суд за своите дела пред тие да добијат шанса да ги поправат работите преку сопствениот правен систем. Правилото се заснова на претпоставката дека домашниот систем обезбедува делотворен правен лек во однос на наводната повреда. Товарот на докажување е на Владата која тврди дека не биле исцрпени сите правни лекови да го задоволи Судот дека во теорија и во пракса бил достапен делотворен лек во релевантното време; односно дека правниот лек бил достапен и можел да обезбеди делотворно и доволно обесштетување во однос на жалбите на жалителот. Меѓутоа, откако овој товар на докажување ќе бил задоволен, жалителот требал да потврди дали правниот лек понуден од страна на Владата всушност бил исцрпен или заради одредени причини не бил соодветен и неделотворен во конкретните околности на случајот или дека постоеле посебни околности кои го/ја ослободувале од условот (види меѓу другите извори, Akdivar and Others v. Turkey, 16 September 1996, §§ 65-69, Reports of Judgments and Decisions 1996‑IV; Mirazović v. Bosnia and Herzegovina (dec.), no. 13628/03, 6 May 2006; и Scoppola v. Italy (no. 2) [GC], no. 10249/03, §§ 68-71, 17 September 2009).
59. Судот забележува дека на 30 март 2007 г. Уставниот суд на Босна и Херцеговина не утврдил повреда на членот 7 од Конвенцијата во речиси идентични околности во случајот на Мактауф, а оттогаш го има применето истото образложение во бројни случаи. Навистина Владата не му понудила на Судот никаква одлука на Уставниот суд во која е утврдена повреда на членот 7 во сличен случај. Исто така Државниот суд во случајот на Дамјановиќ упатил на одлуката на Уставниот суд во случајот на Мактауф.
60. Судот заклучува дека уставната жалба не понудила разумна шанса за успех на жалбата на г-динот Дамјановиќ согласно членот 7 од Конвенцијата и го отфрлил приговорот на Владата. Бидејќи оваа жалба не е евидентно неоснована во рамките на значењето на член 35 § 3 (а) од Конвенцијата и не е недопуштена по ниеден друг основ, истата мора да се прогласи за допуштена.
В. Основаност
1. Изјаснување на странките
(а) Жалителите
61. Забраната за ретроактивна примена на кривичното право на штета на обвинетиот според жалителите била добро воспоставено правило како во меѓународното така и во домашното право. Кривичниот закон од 2003 г. со тоа што е построг од Законот од 1976 г. во однос на минималните казни за воени злосторства не требал да се примени во нивните случаи. Во врска со ова тие упатија на малиот број на случаи во кои Државниот суд го зел во предвид Законот од 1976 како поблаг (види параграф 29 горе), критикувајќи го во исто време Државниот суд за тоа што не го примениле Законот доследно. Со оглед дека биле осудени исклучиво врз основа на националниот закон, тие се изјаснија дека тоа што Владата се потпирала на „општите начела на законот признати од цивилизираните народи“ во рамките на значењето на членот 7 § 2 создавало забуна. Тие понатаму се изјаснија дека нивниот случај треба да се разликува од случаите на кои упатиле Владата и третата странка (имено .W. v. the United Kingdom, 22 November 1995, Series A no. 335‑B, и Streletz, Kessler and Krenz v. Germany [GC], nos. 34044/96, 35532/97 and 44801/98, ECHR 2001‑II). Особено случајот на С.В. (S.W.) кој се однесувал на постепениот развој на кривичното право преку судската пракса во период од неколку години, со цел да се земат во предвид ставовите на општеството кои се менуваат. Ова јасно се разликувало од спроведувањето на новото законодавство кое пропишувало построги казни за одредени кривични дела како во актуелниов случај. Жалителите додале дека Државите не треба да ги менуваат своите закони после одредени настани за да ги казнат сторителите, без разлика колку контроверзно било делото во прашање.
(б) Владата
62. Владата тврдеше дека Кривичниот закон од 2003 г. бил поблаг кон жалителите отколку Кривичниот закон од 1976 со оглед на отсуството на смртната казна (тие упатија на Karmo v. Bulgaria (dec.), no. 76965/01, 9 February 2006). Тоа било и мислењето на Уставниот суд на Босна и Херцеговина во однос на овој случај (види параграф 15 горе). Тие понатаму тврдеја дека дури и ако Законот од 2003 г. бил поблаг кон жалителите тоа не ја оправдувало неговата примена во овој случај, заради следниве причини. Прво Владата тврдеше дека Членот 7 § 2 од Конвенцијата предвидела исклучок на правилото на неретроактивност на кривичните дела и казните утврдени во членот 7 § 1 (тие упатиле на Naletilić v. Croatia (dec.), no. 51891/99, ECHR 2000‑V). Со други зборови доколку едно дело било кривично дело во времето кога било извршено како согласно „општите начела на правото признати од цивилизираните народи“ така и согласно националното право, тогаш можела да се изрече и казна која била дури и построга од таа која важела согласно националното право. Било јасно дека делата сторени од актуелните жалители биле кривични дела согласно „општите начела на правото признати од цивилизираните народи“. Како резултат правилото на не-ретроактивност на казните не важело и според мислењето на Владата секоја казна би можела да им биде изречена на жалителите. Второ, Владата се изјасни дека интересите на правдата барале начелото на неретроактивност да биде тргнато на страна (тие упатиле во врска со ова на случаите С.В. (S.W.), цитиран горе; Streletz, Kessler and Krenz, цитиран горе; и обврската согласно меѓународното хуманитарно право за соодветно казнување на воените злосторства). Ригидноста на начелото на неретроактивност, се тврдеше, морала да се омекне во одредени историски ситуации за ова начело да не оди на штета на начелото на правичност.
63. Што се однесува на прашањето дали Државниот суд ја сменил својата пракса во однос на казнувањето во случаи на воени злосторства, Владата прифатиа дека Законот од 1976 бил применет во неколку случаи од март 2009 (види параграф 29 горе). Меѓутоа, тие оспорија дека Законот од 2003 сè уште се применувал во повеќето случаи. Конкретно, Државниот суд изрекол 102 пресуди во периодот меѓу март 2009 и ноември 2012 (59 од страна на судечките судски совети и 43 од апелационите судски совети). Судечките судски совети секогаш го применувале Законот од 2003 г. Апелационите судски совети го применувале тој закон во сите случаи кои се однесувале на злосторство против човештвото и геноцид. Што се однесува до воените злосторства апелационите судски совети го примениле Законот од 1976 во пет случаи и Законот од 2003 во 16 случаи. Владата го критикуваше пристапот усвоен во тие пет случаи и тврдеше дека Државниот суд секогаш требало да го применува Законот од 2003 за случаи на воени злосторства.
(в) Третата странка
64. Изјаснувањето на третата странка, Канцеларијата на Високиот претставник од ноември 2012 беше во ист контекст како и изјаснувањето на Владата. Имено, третата странка тврдеше, слично на Владата, дека делата извршени од жалителите биле кривични дела согласно “Општите начела на правото признати од цивилизираните народи“ и затоа правилото на неретроактивност на казните не се применувало во овој случај. Канцеларијата на Високиот претставник исто така нагласи дека иако Законот од 2003 г. бил применет во овој случај, казните што им биле изречени на жалителите сепак биле во рамките на опсегот и на Законот од 1976 и на Законот од 2003. Конечно третата страна упати на „заклучните забелешки“ на Комитетот на ООН за човекови права за Босна и Херцеговина (CCPR/C/BIH/CO/1), цитирани во параграф 32 горе.
2. Оценка на Судот
65. На самиот почеток Судот повторува дека не е негова задача да расправа in abstracto дали ретроактивната примена на Законот од 2003 во случаите на воени злосторства е per se некомпатибилна со членот 7 од Конвенцијата. Прашањето мора да се процени за секој случај поединечно земајќи ги во предвид конкретните околности на секој случаи и во тој контекст дали домашните судови го примениле законот чии одредби биле најповолни за обвинетиот (види Скопола, цитиран горе, § 109).
66. Општите начела во однос на членот 7 неодамна биле повторени во случајот на Кононов против Летонија (Kononov v. Latvia [GC], no. 36376/04, § 185, ECHR 2010):
„Гаранцијата вградена во членот 7, суштински елемент на владеењето на правото, зазема важно место во системот на заштита на Конвенцијата како што е нагласено од фактот дека никаква дерогација од таму не е можна согласно членот 15 во време на војна или друга вонредна состојба. Треба да анализира и примени, како што следи од нејзиниот предмет и цел, за да се обезбедат делотворни заштити од своеволно гонење, осудување и казнување. Соодветно на тоа Членот 7 не е ограничен на забраната на ретроактивна примена на кривичното право на штета на обвинетиот: тој исто така го отелотворува, поопшто, начелото дека само законот може да дефинира едно кривично дело и да пропише казна (nullum crimen, nulla poena sine lege) и начелото дека кривичниот закон не смее да биде на широко толкуван на штета на обвинетиот на пример по пат на аналогија. Следи дека едно дело мора да биде јасно дефинирано со закон. Овој услов е задоволен кога лицето може да знае од формулацијата на релевантната одредба - и доколку има потреба со помош на толкувањето на судовите на истата и со информираниот правен совет – кои дела и пропусти ќе ги направат кривично одговорни.
Кога се зборува за ‘закон’ членот 7 алудира на истиот концепт како тој на кој Конвенцијата упатува на друго место кога го користи тој термин, концепт којшто се состои од пишан и непишан закон и кој имплицира квалитативни услови, имено оние на достапност и предвидливост. Што се однесува до предвидливоста конкретно, Судот потсетува дека колку и да е јасно напишана една правна одредба во кој било систем на правото, вклучително и кривичното право, неизбежно постои елемент на судско толкување. Секогаш ќе има потреба од објаснување на делови кои се сомнителни или прилагодување на околностите што се менуваат. Навистина во одредени држави потписнички на Конвенцијата напредниот развој на настаните во однос на кривичното право преку судски развој на правото е добро втемелен и неопходен дел од правната традиција. Членот 7 од Конвенцијата не може да се толкува како правно исклучување на постепеното разјаснување на правилата на кривичната одговорност преку судско толкување на секој случај поединечно, под услов развојот на резултантата да е доследен на суштината на делото и да може разумно да се предвиди (Streletz, Kessler and Krenz v. Germany [GC], nos. 34044/96, 35532/97 and 44801/98, § 50, ECHR 2001‑II; K.‑H.W. v. Germany [GC], no. 37201/97, § 85, ECHR 2001‑II (extracts); Jorgic v. Germany, no. 74613/01, §§ 101-109, 12 July 2007; и Korbely v. Hungary [GC], no. 9174/02, §§ 69-71, 19 September 2008).”
67. Навраќајќи се на случајот пред него Судот забележува дека дефиницијата на воените злосторства е иста во членот 142 § 1 од Кривичниот закон од 1976, кој важел во времето кога биле извршени делата и членот 173 § 1 од Кривичниот закон од 2003, кој се применил ретроактивно во овој случај (види ги параграфите 26 и 28 горе). Исто така жалителите не оспориле дека нивните дела претставувале кривични дела дефинирани со доволна достапност и предвидливост во времето кога биле извршени. Затоа законитоста на осудителните пресуди на жалителите не е проблем во овој случај.
68. Меѓутоа понатаму се забележува дека двата кривични закони предвидуваат различни рамки за одредување на казните. Согласно Законот од 1976, воените злосторства биле казниви со казна затвор во времетраење од 5-15 години или за најсериозните случаи, смртна казна (види член 142 § 1 поврзан со членовите 37 § 2 и 38 § 1 од Законот од 1976). Казна затвор во времетраење од 20 години исто така можела да се изрече наместо смртната казна (види член 38 § 2). Оние што ги помагале воените злосторства, како г-динот Мактауф, требале да бидат казнети како и самите да ги извршиле делата, но нивната казна можела да биде намалена на една година казна затвор (види член 42 од истиот Закон во врска со членовите 24 § 1 и 43 § 1). Согласно Законот од 2003 г., воените злосторства повлекувале казна затвор во времетраење од 10-20 години или за најсериозните случаи, доживотна казна затвор во времетраење од 20-45 години (види член 173 § 1 од Законот од 2003 разгледан заедно со член 42 §§ 1 и 2 од истиот Закон). Оние што ги помагале воените злосторства, како г-динот Мактауф, требало да бидат казнети како и самите да ги извршиле делата, но нивната казна можела да биде намалена на пет година казна затвор (види член 49 разгледан заедно со членовите 31 § 1 и 50 § 1 од истиот Закон ). Посочувајќи дека оваа казна требала да биде намалена колку што е можно повеќе (види параграф 13 горе), Државниот суд го осудил г-динот Мактауф на пет години казна затвор, најниската можна казна согласно Законот од 2003. Наспроти тоа согласно Законот од 1976 г. тој можел да биде осуден на една година казна затвор. Што се однесува до г-динот Дамјановиќ тој бил осуден на 11 години казна затвор, нешто над минимумот од десет години. Согласно Законот од 1976 ќе било можно да му се изрече казна од само пет години.
69. Што се однесува до аргументот на Владата дека Законот од 2003 бил поблаг за жалителите отколку Законот од 1976 со оглед на отсуството на смртната казна, Судот забележува дека само најсериозните примери на воени злосторства биле казниви со смртна казна согласно Законот од 1976 (види параграф 26 горе). Со оглед дека никој од жалителите не се сметал за кривично одговорен за изгубен живот, кривичните дела за кои биле осудени јасно не припаѓале на таа категорија. Навистина, како што е забележано горе, г-динот Мактауф ја добил најниската предвидена казна, а г-динот Дамјановиќ казна која била само малку над најниското ниво утврдено од Законот од 2003 за воени злосторства. Во вакви околности од особена релевантност во актуелниов случај е тоа кој закон бил поблаг во однос на минималната казна, а ова без сомнеж бил Законот од 1976. Таков пристап бил заземен барем од некои од апелационите судски совети во Државниот суд во поновите случаи (види параграф 29 горе).
70. Мора да се признае дека казните на жалителите во овој случај биле во рамките и на Кривичниот закон од 1976 г. и на Кривичниот закон од 2003 г. Оттука не може да се каже со некаква сигурност дека некој од жалителите би добиле пониска казна доколку бил применет претходниот закон (наспроти Jamil v. France, 8 June 1995, Series A no. 317‑B; Gabarri Moreno v. Spain, no. 68066/01, 22 July 2003; Скопола, цитиран горе). Она што е од клучна важност е дека жалителите можеле да добијат пониска казна доколку тој закон бил применет во нивните случаи. Како што веќе е забележано во параграф 68 горе, Државниот суд одлучил кога ја изрекувал казната за г-динот Мактауф дека требала да биде намалена на најниското дозволено ниво согласно Законот од 2003 г. Слично на тоа г-динот Дамјановиќ добил казна која била блиска до минимумот ниво. Исто така треба да се забележи дека согласно пристапот што следел во некои случаи на воени злосторства од поново време на кои се упатува во параграф 29 горе, апелациониот судски совет на Државниот суд се одлучил за Законот од 1976, а не за Законот од 2003, особен што се однесува до примената на најблагите казнени правила. Соодветно на тоа со оглед дека постои вистинска веројатност дека ретроактивната примена на Законот од 2003 г. одела на штета на жалителите во однос на казните, не може да се каже дека им била обезбедена делотворна заштита од изрекувањето на построги казни, како повреда на членот 7 од Конвенцијата.
71. Судот не е во можност да ја прифати сугестијата на Владата дека неговата одлука во случајот Кармо, цитиран горе, нуди насоки во проценување на случајот што бил пред нив. Околностите се значително различни. Додека жалителите во овој случај биле осудени на релативно кратки казни затвор, жалителот во Кармо бил осуден на смрт и прашањето било дали било спротивно на членот 7 да се преиначи смртната казна во доживотна казна согласно укинувањето на смртната казна во 1998 г. Судот сметал дека не било и ја одбил жалбата согласно членот 7 како евидентно неоснована.
72. Исто така, Судот не е во можност да се согласи со аргументот на Владата дека доколку делото било кривично согласно „општите начела на законот признати од цивилизираните народи“ во рамките на значењето на членот 7 § 2 од Конвенцијата во времето кога било извршено тогаш правилото на ретроактивните кривични дела и казни не се применува. Овој аргумент не е доследен на travaux préparatoires кој имплицира дека членот 7 § 1 може да се смета да го содржи општото правило на неретроактивност и дека членот 7 § 2 е само контекстуално појаснување на границата на одговорноста, така вклучена за да се обезбеди дека немало никаков сомнеж околу валидноста на обвиненијата после Втората светска војна во однос на злосторства извршени за време на војната (види Кононов, цитиран горе § 186). Оттука било јасно дека креаторите на Конвенцијата немале намера да дозволат никаков општ исклучок на правилото на неретроактивност. Навистина Судот одлучил во низа случаи дека двата параграфи од членот 7 се меѓусебно поврзани и дека треба да се толкуваат на соодветен начин (види на пример, Tess v. Latvia (dec.), no. 34854/02, 12 December 2002, и Кононов, цитиран горе, § 186).
73. Упатувањето на Владата во врска со ова на случаите на С.В. (S.W.) и Стрелец, Кеслер и Кренц (Streletz, Kessler & Krenz) (цитирани гори) исто така не може да се прифати. Актуелниот случај не се занимава со прашањето на прогресивниот развој на кривичното право преку судско толкување како во случајот на С.В. (S.W.). Ниту пак случајот пред нас се однесува на пракса на Државата што не е доследна на пишаното или непишаното право. Во случајот на Стрелец, Кеслер и Кренц (Streletz, Kessler & Krenz), делата на жалителите претставувале кривични дела дефинирани со доволна достапност и предвидливост во кривичното право на Германската Демократска Република во материјалното време, но тие одредби не биле спроведувани долго време пред промената на режимот во 1990 г.
74. Судот не гледа потреба да го разгледува во детали понатамошниот аргумент на Владата дека обврската согласно меѓународното хуманитарно право да ги казни воените злосторства на соодветен начин баралоа правилото за неретроактивност во овие случаи да не се применува. Доволно е да се забележи дека правилото за неретроактивност на злосторствата и казните исто така се јавува и во Женевските конвенции и нивните дополнителни протоколи (види параграф 43 горе). Исто така, со оглед дека казните на жалителите биле во рамките на опсегот на двата кривични закони и од 1976 и од 2003, аргументот на Владата дека жалителите не можеле да бидат адекватно казнети согласно претходниот Закон е јасно неоснован.
75. Конечно, иако Судот во принцип се согласува со Владата дека државите се слободни да одлучуваат за својата казнена политика (види Achour v. France [GC], no. 67335/01, § 44, ECHR 2006‑IV, и Ould Dah v. France (dec.), no. 13113/03, ECHR 2009), тие истовремено мора да се придржуваат на условите од членот 7.
Г. Заклучок
76. Соодветно, Судот смета дека имало повреда на членот 7 од Конвенцијата во одредени околности на актуелниов случај. Овој заклучок не треба да се прифати како индикација дека мора да се изрекуваат пониски казни, туку едноставно дека одредбите за изрекување на казни од Законот од 1976 требале да бидат применети во случаите на жалителите.
III. ЖАЛБА НА ЖАЛИТЕЛИТЕ ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА
77. Конечно, жалителите тврдеа, без да навлегуваат во никакви детали, дека фактот дека нивните случаи биле сослушани пред Државниот суд додека многу други случаи на воени злосторства биле сослушани пред судовите на ентитетите, достигнало ниво на повреда на членот 14 од Конвенцијата и/или членот 1 од Протоколот бр. 12 кон Конвенцијата.
Членот 14 уредува:
„Уживањето на правата и слободите, утврдени во [оваа] Конвенција, ќе биде обезбедено без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.“
Членот 1 од Протоколот бр. 12 уредува:
„1. Уживањето на секое право утврдено со закон ќе биде обезбедено без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или некое друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или некој статус.“
2. Никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по било кој основ наведен во став 1.“
78. Владата го повика Судот да ја следи судската пракса од случајот на Шимшиќ цитиран горе. Тие додадоа дека дистрибуцијата на случаи на воени злосторства меѓу Државниот суд и судовите на ентитетите не била своеволна: тоа било направено од Државниот суд врз основа на целта и разумни критериуми. Што се однесува до случајот на г-динот Мактауф Владата тврдеше дека истиот бил чувствителен и сложен со оглед дека бил еден од првите случаи на справување со кривични дела сторени од странски муџахедини (Хашкиот трибунал за првпат се занимавал со ова прашање во 2006 г. во случајот на Хаџихасановиќ и Кубура). Дополнително, ритуалните обезглавувања, кои биле вршени во нивните кампови предизвикале вознемиреност кај локалното население. Владата тврдеше дека случајот на г-динот Дамјановиќ исто така бил чувствителен со оглед меѓу другото дека тој се однесувал на мачење на голем број на жртвите. Друга причина за префрлањето на случајот на г-динот на Дамјановиќ во Државниот суд бил фактот дека таму имало подобри услови за заштита на сведоците; оттука имало повисок ризик за заплашување на сведоците на ниво на ентитети.
79. Жалителите не се согласија со Владата. Тие тврдеа дека нивните случаи не биле ниту чувствителни ниту сложени. Г-динот Мактауф исто така тврдеше дека неговото ирачко државјанство и неговата религија биле клучната причина за одлуката на Државниот суд да ја задржат јурисдикацијата.
80. Канцеларијата на Високиот претставник во изјаснувањето на третата странка од ноември 2012 г., се согласи со Владата.
81. Идејата за дискриминација доследно се толкува во судската пракса на Судот во однос на членот 14 од Конвенцијата. Оваа судска пракса јасно укажува дека дискриминацијата значи различно постапување, без објективно или разумно оправдување, со лица во слична ситуација. Истиот термин, дискриминација, исто така се користи во членот 1 од Протоколот 12. Без разлика на разликите во опсегот меѓу овие одредби, значењето на овој услов во членот 1 од Протоколот бр. 12 имал за цел да биде идентичен со тој на членот 14 (види Sejdić and Finci v. Bosnia and Herzegovina [GC], nos. 27996/06 and 34836/06, § 55, ECHR 2009).
82. Во актуелниот случај, Судот најпрво забележа дека со оглед на големиот број на воени злосторства во поствоена Босна и Херцеговина, неизбежно е дека товарот мора да се споделува меѓу Државниот суд и судовите на ентитетите. Во спротивно тужената Држава нема да може да ги почитува своите обврски согласно Конвенцијата и на време да се изнесат пред лицето на правдата оние што биле одговорни за повреда на меѓународното хуманитарно право (види Palić v. Bosnia and Herzegovina, no. 4704/04, 15 February 2011).
83. Судот е свесен дека судовите на ентитетите изрекувале генерално поблаги казни од Државниот суд во релевантното време (види параграф 30 горе), но таа разлика во постапувањето не е објаснета во смисла на личните карактеристики и затоа не достигнува ниво на дискриминирачко постапување. Дали случајот ќе бил сослушан пред Државниот суд или суд на ентитет било одлучувано случај по случај од страна на самиот Државен суд со упатување на целта и разумниот критериум што е прикажан во параграф 40 горе (наспроти Camilleri v. Malta, no. 42931/10, 22 January 2013, во кој таквата одлука зависела само од дискрецијата на обвинителот). Соодветно на тоа, во конкретните околности на овој случај, нема појава на повреда било на членот 14 разгледан заедно со членот 7 од Конвенцијата или на членот 1 од Протоколот бр. 12 (види Magee v. the United Kingdom, no. 28135/95, § 50, ECHR 2000 VI, и Шимшиќ, цитиран горе).
84. Жалбата за дискриминација на жалителите оттука е евидентно неоснована и мора да биде отфрлена согласно членот 35 §§ 3 (а) и 4 од Конвенцијата.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
85. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Материјална штета
86. Г-динот Мактауф тврдеше дека не можел да раководи со својата компанија заради неговото судење и казна и дека претрпел штета во износ од 500,000 (евра).
87. Владата го сметаше барањето за непоткрепено.
88. Судот се согласи со Владата и го отфрли ова барање заради недостаток на поткрепа.
Б. Нематеријална штета
89. Г-динот Мактауф бараше 100.000 евра во овој дел. Г-динот Дамјановиќ исто така бараше отштета за нематеријална штета, но не го наведе износот кој според него би бил правичен.
90. Владата сметаше дека побарувањето на г-динот Мактауф е претерано.
91. Со оглед дека не е сигурен дека жалителите навистина ќе добиеле пониски казни доколку бил применет Законот од 1976 г. (наспроти Ecer and Zeyrek v. Turkey, nos. 29295/95 and 29363/95, ECHR 2001‑II, и Скопола, цитиран горе), Судот одлучи во конкретните околности на овој случај дека наодот за повреда сам по себе претставува доволен правичен надоместок за секаква нематеријална штета претрпена од жалителите.
В. Трошоци и издатоци
92. Г-динот Мактауф понатаму бараше 36.409 евра за трошоци и издатоци кои настанале пред домашните судови. На г-динот Дамјановиќ му била доделена правна помош од Судот во вкупен износ од 1.545 евра за присуство на неговиот застапник на расправата пред Големиот судски совет. Тој бараше рефундирање за дополнителните трошоци и издатоци кои настанале за застапувањето пред Судот во износ од 13.120 евра.
93. Владата ги сметаше барањата за непоткрепени.
94. Според судската пракса на Судот еден жалител има право на рефундирање на своите трошоци и издатоци само доколку покажел дека истите настанале реално и неопходно и биле разумни во однос на износот. Односно дека жалителот мора да ги платил или бил обврзан да ги плати согласно обврските што произлегувале од правото или договор и дека тие морале да бидат неизбежни за да се спречи повреда или за да се добие обесштетување. На Судот му се потребни сметки разделени по ставки и фактури со доволно детали за да се овозможи да се утврди со која мерка гореспоменатите барања биле исполнети. Во актуелниов случај, со оглед документите што ги поседува и горе наведените критериуми, Судот смета дека е разумно да му се додели на секој жалител износ од 10.000 евра, плус секоја даночна давачка на којашто можеби подложат во овој дел.
Г. Казнена камата
95. Судот смета дека е соодветно казнената каматна стапка да се заснова на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Ја прогласува за недопуштена, со мнозинство гласови, жалбата во однос на членот 6 од Конвенцијата;
2. Ја прогласува за недопуштена, со мнозинство гласови, жалбата во однос на членот 14 разгледан заедно со членот 7 од Конвенцијата и членот 1 од Протоколот 12;
3. Ја прогласува за допуштена, едногласно, жалбата во однос на членот 7 од Конвенцијата;
4. Одлучи едногласно дека имало повреда на членот 7 од Конвенцијата;
5. Одлучи едногласно
(а) дека тужената држава треба да им плати на жалителите во рок од три месеци по 10.000 евра (десет илјади евра) на секој плус сите даночни давачки на кои можеби подложат овие износи, за трошоци и издатоци, конвертирани во валутата на тужената држава по курсот што ќе важи на датумот на исплатата;
(б) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата ќе се плаќа проста камата на гореспоменатиот износ по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка во текот на казнениот период плус три процентни поени;
6. Едногласно ги отфрла остатокот од побарувањето на жалителите за правичен надоместок.
Изготвена на англиски и француски јазик, и усвоена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 18 јули 2013 г.
Мајкл О’БојлДин Шпилман
Секретар Претседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, кон оваа пресуда се приложени следниве издвоени мислења:
(а) мислење на согласување на судијата Зиемеле;
(б) мислење на согласување на судијата Калајџиева;
(в) мислење на согласување на судијата Пинто де Албукерки, придружен од судијата Вичиниќ.
Д.С. *.
М.О’Б.*.
Издвоените мислења не се преведени но можат да се најдат на англиски и/или француски јазик во верзијата (верзиите) на официјалниот јазик кои можат да се консултираат во ХУДОK базата на податоци за судската пракса на Судот.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2013.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@ .
[1]. Armija Republike Bosne i Hercegovine (Армијата на Република Босна и Херцеговина).
[2]. Бошњаците до војната во 1992-95 беа познати како муслимани. Терминот „Бошњаци“ не треба да се меша со терминот „Босанци“ кој се користи да се означат граѓаните на Босна и Херцеговина, без разлика на нивното етничко потекло.
[3]. Hrvatsko vijeće obrane (Хрватскиот совет за одбрана).
[4]. Vojska Republike Srpske (Војската на Република Српска).
[5]. Резолуција 827 (1993) од 25 мај 1993.
[6]. Видете го извештајот за судскиот статус на Хашкиот трибунал и можностите за упатување на одредени случаи на националните судови изработен од Хашкиот трибунал во јуни 2002 г. (S/2002/678) и изјавата на претседателот на Советот за безбедност на ООН од 23 јули 2002 (S/PRST/2002/21).
[7]. Резолуцијата 1503 (2003) од 28 август 2003.
[8]. За повеќе информации за овие овластувања, исто така познати како „Овластувањата од Бон“, види Venice Commission’s Opinion on the Constitutional Situation in Bosnia and Herzegovina and the Powers of the High Representative (document CDL-AD(2005)004 of 11 March 2005).
[9]. Службен весник на Босна и Херцеговина бр. 3/03, 37/03, 32/03, 54/04, 61/04, 30/05, 53/06, 55/06, 32/07 и 8/10.
[10]. Службен весник на Социјалистичка Федеративна Република Југославија бр. 44/76, 36/77, 56/77, 34/84, 37/84, 74/87, 57/89, 3/90, 38/90 и 45/90.
[11]. Службен весник на Федерацијата на Босна и Херцеговина бр. 43/98, 2/99, 15/99, 29/00, 59/02 и 19/03.
[12]. Службен весник на Република Српска бр. 22/00, 33/00 и 37/01.
[13]. Погледнете ја одлуката на Судскиот совет за човекови права CH/97/69 од 12 1998 во случајот Херек, и одлуката на Врховниот суд на Федерацијата на Босна и Херцеговина Kž-58/99 од 16 март 1999 во случај на геноцид, со која казна затвор од 40 години била намалена на казна затвор од 20 години.
[14]. Погледнете ја на пример пресудата во случајот Влаховљак од септември 2008 во која Врховниот суд на Федерацијата на Босна и Херцеговина го применил Законот од 2003 г.
[15]. Одлука X-KRŽ-06/299 од 25 март 2009 во случајот Куртовиќ.
[16]. Одлуки X-KRŽ-09/847 од 14 јуни 2011 во случајот Новалиќ; X-KRŽ-07/330 од 16 јуни 2011 во случајот Михаљевиќ; S1 1 K 002590 11 Krž4 од 1 февруари 2012 во случајот С.Л.; S1 1 K 005159 11 Kžk од 18 април 2012 во случајот Ашкраба; и S1 1 K 003429 12 Kžk од 27 јуни 2012 во случајот Осмиќ.
[17]. Одлуки X-KRŽ-06/431 од 11 септември 2009 во случајот Капиќ; и X-KRŽ-07/394 од 6 април 2010 во случајот Ѓукиќ.
[18]. Одлуки X-KRŽ-08/488 од 29 јануари 2009 во случајот Врдољак; и X-KRŽ-06/243 од 22 септември 2010 во случајот Лазаревиќ..
[19]. Одлуки X-KRŽ-06/299 од 25 март 2009 во случајот Куртовиќ; и S1 1 K 002590 11 Krž4 од 1 февруари 2012 во случајот С.Л..
[20]. Одлука X-KRŽ-09/847 од 14 јуни 2011 во случајот Новалиќ.
[21]. Консолидирана верзија објавена во Службен весник на Босна и Херцеговина бр. 49/09, измените и дополнувања објавени во Службен весник бр. 74/09 и 97/09.
[22]. Службен весник на Босна и Херцеговина, Серија на меѓународни договори 12/04, 7/05 и 8/06.
[23]. Службен весник на Босна и Херцеговина, Серија на меѓународни договори 93/06 и 3/07.
[24]. Службен весник на Босна и Херцеговина бр. 3/03, 36/03, 32/03, 26/04, 63/04, 13/05, 48/05, 46/06, 76/06, 29/07, 32/07, 53/07, 76/07, 15/08, 58/08, 12/09, 16/09 и 93/09.
[25]. Pravilnik o pregledu predmeta ratnih zločina, KTA-RZ 47/04-1; копија од тој документ бил обезбеден од Владата.
Full & Egal Universal Law Academy