© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПЕТТИ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ МЕНЕСОН (MENNESSON) против ФРАНЦИЈА
(Жалба бр. 65192/11)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
26 Јуни 2014
Оваа пресуда ќе стане конечна согласно условите дефинирани во член 44 став 2 од Конвенцијата. Може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Менесон (Mennesson) против Франција,
Европскиот суд за човекови права (петти оддел) кој заседаваше во совет составен од :
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Боштјан М. Зупанчиќ (Boštjan M. Zupančič),
Гана Јудкивска (Ganna Yudkivska),
Винсен А. Де Гаетано (Vincent A. De Gaetano),
Андре Поточки (André Potocki),
Алеш Шејчал (Aleš Pejchal), судии,
и од Клаудија Вестердајк (Claudia Westerdiek), секретарка на секција,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на судскиот совет на 10 јуни 2014 г,
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалба (бр. 65192/11) против Република Франција во која двајца француски државјани, г-дин. Доминик Менесон (Dominique Mennesson) и г-ѓа Силви Менесон (Sylvie Mennesson) („првите жалители“) и две американски државјанки, г-ци Валентина и Фиорела Менесон (Valentina et Fiorella Mennesson) („третата и четвртата жалителка“), се обратија до Судот на 6 октомври, 2011 г., согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) .
2. Жалителите се застапени пред Судот од г-дин Патрис Спинози (Patrice Spinosi), адвокат на Уставниот суд и на Касациониот суд. Француската влада („Владата“) е застапена од нејзиниот агент, г-ѓа Едвиж Белиар (Edwige Belliard), директорка за судски прашања при Министерството за надворешни работи.
3. На12 февруари 2012 г, жалбата била доставена на Владата и претседателот на одделот одлучил дека таа истовремено ќе се испитува со жалбата Labassee c. France (бр. 65941/11).
4. Како жалителите така и Владата доставиле писмени забелешки за допуштеноста и основаноста на случајот.
5. На 10 октомври 2013 година, претседателот на одделот одлучи, согласно членот 54 § 2) од деловникот, да постави дополнителни прашања на жалителите и Владата, кои на нив одговорија на 19 и 21 ноември, 2013 г.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИTE НА СЛУЧАЈОТ
6. Првите жалители се родени во 1965 и 1955 г. Третата и четвртата жалителка се родени во 2000 година. Тие живеат во Мезон-Алфор (Maisons-Alfort).
А. Раѓањето на третата и четвртата жалителка
7. Сопруг и сопруга, првите жалители не можеле да го остварат својот план да станат родители поради неплодноста на втората жалителка.
8. По неуспешните обиди за оплодување in vitro со свои гамети, првите жалители се одлучиле за оплодување in vitro со користење на гаметите на првиот жалител и донирана јајце клетка, со цел имплантација на оплодените ембриони во матката на друга жена. За да го направат тоа, тие отишле во Калифорнија, каде што овие модалитети се пропишани со закон и склучиле договор за сурогат мајчинство.
Жалителите наведуваат дека, според калифорнискиот закон, „сурогат мајката“ не била платена, туку само и се подмирувале трошоците. Тие додаваат дека, со оглед на тоа дека била во брак со лице на раководна позиција и имајќи самата раководна позиција, таа имала далеку повисоки примања од нивните, и дека тоа го правела од солидарност.
9. Била утврдена бременост со близнаци на 1-ви март 2000 година и, со пресуда од 14 јули 2000 година, калифорнискиот Врховен суд, до кој се обратиле заеднички првите жалители, сурогат мајката и нејзиниот сопруг, одлучил дека секое дете што последнава ќе го родела во рок од четири месеци ќе го имало првиот жалител за „генетски татко“ и втората жалителка за „законска мајка“. Пресудата ги наведува информациите кои треба да бидат содржани во изводот, наведувајќи меѓу другото дека првите жалители требало да бидат регистрирани како родители.
10. Близначки - третата и четвртата жалителка - се родиле на 25 октомври 2000 година, и изводот од матичната книга на родени бил изготвен како што е опишано погоре.
Б. Одбивањето од страна на францускиот конзулат да ги транскрибира изводите од матичната книга на родени
11. На почетокот на ноември 2000 година, првиот жалител отишол во францускиот конзулат во Лос Анџелес за да направи транскрипција на изводите од матичната книга на родени во француската матична книга и за да ги запише децата на неговиот пасош со цел да можат се се вратат во Франција со нив.
12. Жалителите наведуваат дека многу француски двојки во слична ситуација успешно ја следеле оваа постапка. Сепак конзуларните служби го одбиле првиот жалител, заради тоа што тој не бил во можност да го докаже пораѓањето на втората жалителка. Сомневајќи се дека станува збор за сурогат мајчинство тие му го предале случајот на обвинителство на Нант.
В. Истрагата спроведена против првите жалители
13. Со оглед на тоа дека американската федерална администрација им издала на близначките американски пасоши на кои првите жалители се назначени како нивни родители, тие биле во можност да се вратат сите четворица во Франција во ноември 2000 година.
14. Во декември 2000 година, прелиминарна истрага била побарана по иницијатива на обвинителството.
15. Во мај 2001 година, била отворена истрага, против Х, во врска со обвинение за посредување со цел бременост за друго лице и, против првите жалители, во врска со обвинение за симулација која резултирала со повреда на граѓанскиот статус на деца.
16. На 30 септември 2004 година, согласно обвиненителниот акт на Државниот обвинител од Кретеј (Creteil), судијата донел одлука за прекин на постапка: тој сметал дека, извршени во Соединетите Американски Држави каде што тие не претставувале кривични дела, фактите во прашање не претставувале казниви дела на националната територија.
Д. Постапката пред граѓанските судови
17. Во меѓувреме, на 25 ноември 2002 година, по налог на Обвинителството, изводите од матичната книга на раѓањето на третата и четвртата жалителка биле транскрибирани во матичните книги на централната служба за граѓански статус во Нант (Nantes) од страна на францускиот конзулат во Лос Анџелес.
18. Меѓутоа, на 16 мај 2003 година, Државниот обвинител од Кретеј ги свикал првите жалители пред Основниот суд од Кретеј за да се поништи оваа транскрибција и да се нареди преписот на пресудата на маргините на поништените изводи. Тој истакнал дека договорот со кој една жена се обврзува да зачне и да носи дете за да го напушти при раѓањето е неважечки, бидејќи тој е спротивен со начелата на јавниот поредок на неотуѓивоста на човечкото тело и неотуѓивоста на граѓанскиот статус на лицата. Тој од ова заклучил дека, спротивно на француската концепција на меѓународниот јавен поредок и на францускиот јавен поредок, пресудата на Врховниот суд од Калифорнија од 14 Јули 2000 не можела да биде извршена во Франција, и важноста на изводите од матични книги изготвени врз основа на истата не можела да биде признаена во Франција.
1. Пресудата на Основниот суд од Кретеј од 13 декември 2005 г., пресудата на Апелациониот суд од Париз од 25 октомври 2007 година и пресудата на Касациониот суд од 17 Декември 2008 година.
19. Со пресуда од 13 декември 2005 година, Основниот суд од Кретеј ја прогласил постапката за недопуштена. Тој утврдил дека Државниот обвинител бил „самиот одговорен за извршената транскрипција, што тој ја имал направено само со цел да ја покрене постапката за поништување.“ Тој од ова заклучил дека не можело да се смета дека обвинителот „има право да се повикува на јавен поредок што тој самиот го нарушил, кога одредбите од членот 47 од Граѓанскиот законик на кој се повикувал му дозволувале да спроведе секаква контрола на регуларноста на изводите и да отфрли секакво барање за транскрипција кое би можело да ги направи невалидни во Франција.“
20. Повикан да се произнесе од јавното обвинителство, Апелациониот суд од Париз ја потврдил пресудата, со пресуда од 13 декември 2005 година. Тој, исто така, пресудил дека било недопуштено јавното обвинителство, според меѓународниот јавен поредок, да бара поништување на изводите транскрибирани во книгите на централната матична служба од Нант. Сепак тој извршил супституција на правните основи. Во овој поглед, тој нагласил дека содржините на овие изводи биле точни во однос на пресудата на калифорнискиот Врховен суд од 14 јули 2000 година, и дека јавното обвинителство не ги оспорувалo ниту правото на Франција да ја блокира правосилноста на пресудата пак ниту пак верноста, во смисла на членот 47 од Граѓанскиот законик, на изводите изготвени во Калифорнија во облик кој се користи во таа државата.
21. На 17 декември 2008 година, Касациониот суд (прв граѓански оддел) ја поништил оваа пресуда врз основа на тоа дека јавното обвинителство имало интерес да покрене постапка за ништовност на транскрипциите штом било очигледно од наодите на Апелациониот суд дека поединостите запишани во матичните изводи единствено можеле да произлегуваат од договор за сурогат мајчинство. Тој ги преупатил случајот и страните до Апелациониот суд од Париз во поинаков состав.
2. Пресудата на Апелациониот суд од Париз од 18 Март 2010 г.
22. Со пресуда од 18 март 2010 година, Апелациониот суд од Париз, прогласувајќи ја преупатената пресудаза невалидна, ја поништил транскрипцијата на изводите од матичната книга на родени и ја наредил транскрипцијата на пресудата на маргините на поништените изводи од матичната книга на родени.
23. Во однос на допуштеноста на постапката покрената од обвинителството, Апелациониот суд сметал особено дека не можело сериозно да се тврди дека јавното обвинителство го нарушило јавниот ред или го повредило мирот на семејствата барајќи поништување на транскрипција што тоа самото ја наредило, со оглед на тоа што целта била да се спречат последиците од странски граѓански статус што тоа го сметало за спротивно на францускиот јавен поредок или да се заштити од постапка за транскрипција.
24. За основаноста, Апелациониот суд просудил на следниов начин:
„(...) Сметајќи дека изводите од матичната книга на родени биле изготвени врз основа на пресудата од 14 јули 2000 г. на Врховниот суд од Калифорнија, која го прогласила првиот жалител за генетски татко и втората жалителка за законска мајка на секое дете кое требало да се роди од сурогат мајката помеѓу 15 август 2000 г. и 15 декември 2000 г.; дека изводите од матичната книга се оттука составен дел од одлуката со која тие се поткрепени и чија ефективност останува подредена на сопствената меѓународна регуларност;
Сметајќи дека признавањето, на националната територија, на одлука донесена од страна на суд на една држава која не е врзана со Франција со каква и да е конвенција, е подложено на три услови, имено индиректната надлежност на странскиот судија врз основа на врзувањето на спорот со надлежниот судија, усогласеноста со меѓународниот јавен поредок во однос на основаноста и постапката и отсуството на измама во однос на законот;
Сметајќи дека во овој случај, неспорно е дека, како резултат на договорот за сурогат мајчинство, сурогат мајката родила две деца кои произлегле од гаметите на првиот жалител и на трето лице и кои му биле дадени на првиот жалител;
Сметајќи дека, согласно членот 16-7 од Граѓанскиот законик, чии одредби кои се произлезени од законот бр. 94-653 од 29 јули 1994 година и кои не биле изменети со Законот бр2004-800 од 6 август 2004 година, се однесуваат на јавниот поредок согласно членот 16-9 од Законот, кој и да е договор во врска со раѓањето или бременоста за други лица е ништовен; дека, оттука, пресудата на Врховниот суд од Калифорнија, со тоа што индиректно потврдила договор за сурогат мајчинство, е во спротивност со француската концепција на меѓународниот јавен поредок; дека како резултат на ова, без да има потреба да се испита дали била извршена измама во однос на законот, треба да се поништи транскрипцијата, во книгите на централната француска матична служба, на американските изводи од матичната книга на родени кои ја назначуваат втората жалителка како мајка на децата и да се нареди транскрипција на оваа пресуда на маргините на поништените изводи од матичната книга на родени;
Сметајќи дека жалителите, кои не може сериозно да тврдат дека немале фер судење, исто така немаат основа да тврдат дека ваквата мерка е во спротивност со одредбите содржани во меѓународните конвенции и со домашните закони; дека, всушност, поимите на кои се повикуваат, особено оној на најдобриот интерес на детето, не дозволуваат, и покрај практичните потешкотии кои произлегуваат од една ваква ситуација, да се валидира a posteriori процес чија незаконитост, потврдена од страна на францускиот законодавец по судијата, e под надлежност, сега за сега, на позитивното право; дека, освен тоа, отсуството на транскрипција не ги лишува децата од нивниот американски личен статус на граѓанин и не ја става под прашалник нивната врска на филијација која им е признаена во однос на првите жалители со калифорнискиот закон (...). "
3. Пресудата на Касациониот суд од 6 Април 2011 г.
25. Жалителите поднеле жалба до Касационот суд, тврдејќи, од една страна, дека не се водело грижа за најдобрите интереси на децата - во смисла на членот 3 § 1 од Меѓународната конвенција за правата на детето - и на нивното право да им биде признаена стабилна филијација, и, од друга страна, повреда на членот 8 од Конвенцијата земен сам и во комбинација со членот 14 од Конвенцијата. Тие тврдат понатаму дека странската одлука со која се признава филијацијата на дете во однос на двојка која регуларно склучила договор со сурогат-мајка не е во спротивност со меѓународниот јавен поредок, кој не треба да се помеша со домашниот јавен поредок.
26. На расправата, која се одржала на 8 март 2011 г., генералниот адвокат барал поништување на пресудата. Тој изразил мислење дека не можело да има повикување на меѓународниот јавен поредок за да му се одбие на право кое било легално стекнато во странство или на странска пресуда регуларно донесена од страна на странски суд да ги произведат во Франција правните дејства кои произлегуваат од истите кога едно вакво одбивање има за последица кршење на начело, слобода или право гарантирано со меѓународна конвенција ратификувана од Франција.
Особено, тој истакнал дека, во случајот Wagner et J.M.W.L. c. Luxembourg (бр. 76240/01, 28 јуни 2007), Судот, врз основа на членот 8 од Конвенцијата, водел сметка за „ефективен семеен живот“ и „де факто постоечки семејни врски “ меѓу една самохрана луксембуржанка и детето што таа го усвоила во Перу, без да му придаде важност на фактот дека истата отишла во странство за да побара правен систем кој и овозможувал да го добие она што законот во нејзината земја првично не и го овозможувал. Според него, транспониран врз ситуацијата во овој случај, овој елемент би укажувал на тоа дека на еден правен однос кој бил регуларно воспоставен во странство, дури и тој да бил добиен по пат на заобиколување на прохибитивниот национален закон, не може да му се одбие да ја произведе правната ефикасност што ја има кога треба да се примени на ефективна семејна заедница и да и дозволи на истата да се организира и да се развие во нормални услови според членот 8 од Конвенцијата. Тој понатаму констатирал дека третата и четвртата жалителка живееле во Франција веќе десет години и таму „биле одгледувани од страна на генетски родител и родител преку сурогатство во рамките на вистинска семејна единица каде што ги уживале љубовта, заштитата, образованието и материјалните добра што биле потребни за нивниот разој“, и дека „оваа заедница на ефективен и афективен живот - сосема регуларна според странскиот закон под чија закрила била создадена - била сметана за бесправна“, „со оглед на тоа дека на децата немале никаков граѓански статус во Франција, ниту пак каква и да е врска на филиација која се сметала за законска согласно францускиот закон“. Поставувајќи го прашањето дали една таква ситуација го повредувала нивното „право на нормален семеен живот“, генералниот адвокат посочил во својот одговор дека:
„(...) Во овој момент, два одговора се можни: или, а ова е повеќе теоретска и во голема мера парадоксална хипотеза, одбивањето на транскрипцијата нема последици и воопшто не претставува значајна пречка во однос на секојдневниот живот на семејството, што значи дека транскрипцијата е само формалност, и тогаш не е јасно која клучна причина се спротивставува во овие услови на допуштањето на изводи со толку слабо правно дејствие што не може да се замисли дека тие сами по себе можат да ги поткопаат темелите на нашите основни принципи и сериозно да го нарушат јавниот поредок (со оглед на тоа што изводите сами по себе не содржат никаква индикација во брска со бременоста).
Или пак, едно вакво одбивање трајно и значително го нарушува семејниот живот кој во Франција е правно пресечен на два дела - француската брачна двојка од една страна, странските деца од друга - и тогаш се покренува прашањето за тоа дали нашиот меѓународен јавен поредок, дури и оној на проксимитет, може да го спречува правото на семеен живот според член 8 од Конвенцијата или, пак, напротив, дали еден таков јавен поредок, чии дејства треба да се оценат конкретно како и оние на странските права или одлуки што тој има за цел да ги отстрани, не треба да се повлече за да му овозможи на конвенционалниот стандард да биде испочитуван.
Ако и се даде предност на втората алтернатива со образложение дека меѓународните договори имаат предимство над јавен поредок чија ефективна подлога е стандард со правна вредност, ова не мора нужно да прредизвика автоматски колапс на бариерите што ги подига наведениот домашен јавен поредок во вакви случаи. Се додека Европскиот суд не се има јасно произнесено за прашањето на законитоста на сурогат бременоста и им овозможува на државите да носат сопствени закони во оваа област, може да се смета дека јавниот поредок се спротиставува на валидацијата, во име на правото на почитување на семејниот живот, на ситуации создадени во спротивност со законот, во земјите што ги забрануваат.
Но кога станува збор само за тоа да се направи ваквите ситуации регуларно стекнати во странство - дури и по цена на намерно непочитување на структурите на задолжителен закон - да имаат правно дејство на националната територија, ништо апсолутно не исклучува да се мине преку меѓународниот јавен поредок, дури и оној кој се заснова на проксимитет, за да им се овозможи на семејствата да живеат во согласност со законските услови во кои тие биле создадени и де факто условите во кои тие сега живеат. Дотолку повеќе што најдобриот интерес на детето, увиден не само во смисла на њујоршката конвенција туку и во онаа на судската пракса на Европскиот суд за човекови права кој од него направи составен дел на почитувањето на семејниот живот, исто така, натежнува во прилог на ова толкување. Барем тоа е поуката што можеме да ја извлечеме од пресудата Вагнер (Wagner) (...) “.
27. На 6 април 2011 година, Касациониот суд (прв граѓански совет) ја отфрлил меѓутоа жалбата со пресуда образложена вака:
„(...) одбивањето на транскрипција на извод од матична книга на родени изготвен со извршување на странска пресуда, врз основа на несоодвеноста на оваа одлука со францускиот меѓународен јавен поредок, е оправдано кога оваа одлука има одредби спротивни на основните принципи на француското право; според сегашното позитивно право, во спротивност е со начелото на неотуѓивост на личниот статус на граѓанин, којшто е фундаментален принцип на францускиот закон, во однос на филијацијата, да му се даде правно дејство на договор за сурогат бременост кој, додека може да биде законски во странство, е ништовен и неважечки врз основа на јавниот поредок според членовите 16-7 и 16-9 од Граѓанскиот законик;
Оттука, Апелациониот суд со право заклучил дека, доделувајќи му правно дејство на договор од ваква природа, „американската“ пресуда од 14 јули 2000 г. била спротивна на француската концепција на јавниот меѓународен поредок така што транскрипцијата во француските матични книги на спорните изводи, кои биле изговени во согласност со оваа одлука, требало да се поништи; дека ова не ги лишува децата од законската врска со мајката и таткото што калифорнискиот закон им ја признава ниту пак ги спречува нив да живеат со сопружниците Менесон во Франција, не го повредува правото на почитување на приватниот и семејниот живот на овие деца во смисла на значењето на членот 8 од Конвенцијата (...), ниту пак ги повредува нивните најдобри интереси гарантирани со членот 3 § 1 од Конвенцијата за правата на детето (... ). "
4. Барањето за потврда за државјанство
28. На 16 април 2013 година, првиот жалител поднел во секретаријатот на Окружниот суд во Париз барање за издавање потврда за француско државјанство за третата и четвртата жалителка. Главниот секретар му дал потврди за поднесено барање со датум 31 Октомври 2013 година и 13 март 2014 г., назначувајќи дека барањето „[било] сеуште во тек во [неговите] служби, во очекување на одговорот на барањето за автентификација испратено до конзулатот во Лос Анџелес, Калифорнија“.
(...)
ПРАВОТО
I. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
43. Жалителите се жалат дека на штета на најдобриот интерес на децата, тие немаат можност да добијат во Франција признавање на филијацијата законски востановена во странство помеѓу првите двајца од нив и третата и четвртата од нив, родени во странство со сурогат бременост. Тие тврдат дека имало повреда на правото на почитување на нивниот приватен и семеен живот што членот 8 од Конвенцијата го гарантира:
„1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. .
2. Нема да постои никаво мешање од страна на јавната власт при остварувањето на ова право, освен во согласност со законот и доколку é тоа неопходно во едно демократско општество за заштита на националната безбедност, јавната сигурност или економската благосостојба во земјата, за спречување на немири или извршување на кривично дело, за заштита на здравјето и моралот, или за заштита на правата и слободите на другите.
(...)
Б. За основаноста
1. За постоењето на мешање
48. Страните се согласуваат дека одбивањето од страна на француските власти законски да ја признаат семејната врска меѓу жалителите претставува „мешање" на нивното право на почитување на семејниот живот, а со тоа поставува прашање во однос на негативните обврски на тужената држава според членот 8, наместо во однос на нејзините позитивни обврски.
49. Судот се согласува. Тој потсетува дека тоа бил неговиот пристап меѓу другото во случаите Wagner et J.M.W.L. (претходно наведен, § 123) и Negrepontis-Giannisis c. Grèce (бр. 56759/08, § 58, 3 мај 2011 година), кои се однесувале на одбивањето од страна на луксембуршките и грчките судови законски да признаат усвојување утврдено со странски пресуди. Тој појаснува дека, како и во овие случаи, и во овој случај има мешање во вршењето на правото гарантирано со членот 8 не само во делот „семеен живот“, но исто така и во делот „приватен живот“.
50. Таквото мешање е прекршување на членот 8, освен ако, „пропишано со закон“, тоа има една или повеќе легитимни цели според вториот став од оваа одредба и е „неопходно во едно демократско општество“ за овие цели да се постигнат. Начелото на „неопходност“ имплицира дека мешањето се заснова на неодложна општествена потреба и, особено, пропорционална на саканата легитимна цел (видете, на пример, претходно наведени, Wagner et J.M.W.L, § 124, и Negrepontis-Giannisis, § 61).
2. За оправданоста на мешањето
а) „Пропишано со закон“
i. Жалителите
51. Жалителите тврдат дека спорното мешање не се заснова на доволна правна основа. Според нив, според позитивното право во времето на фактите, тие можеле со право да веруваат дека исклучокот на јавниот поредок нема да биде употребен против нив и дека транскрипцијата на изводите од матичната книга на родени законски изготвени во Калифорнија ќе биде направена без проблем. Тие се повикуваат на начелото на ублажениот ефект на јавниот поредок, според кој „реакцијата против одредба спротивна на јавниот поредок не е иста во зависност од тоа дали се работи за стекнување на право во Франција или за тоа да се произведе правно дејство во Франција на регуларно стекнато право, без измама, во странство“ (пресуда Rivière ; Cass, civ, 1ère, 17 април 1953 г.).
52. Тие посочуваат, прво, дека членот 16-7 од Граѓанскиот законик само го утврдува начелото на ништовност на договорот за раѓање дете за друг или за сурогат мајчинство, без да утврди дека ништовноста се протега на филијацијата на децата кои се на тој начин родени, особено кога оваа филијација е правно утврдена со дејството на странската пресуда. Покрај тоа, според нив, ниту една одредба во францускиот закон не забранува воспоставување на филијација меѓу вака родено дете и жената и мажот кои го прифаќаат, а во верзијата применлива во времето на фактите, членот 47 од Граѓанскиот законик предвидувал дека изводите од матични книги направени во странска земја се автентични штом биле изготвени во форматот кој се користел во оваа земја. За оваа последна точка, тие сметаат дека фактот што законодавецот ја изменил оваа одредба во 2003 година за да се предвиди експлицитно дека тие не можат да имаат правно дејство кога фактите наведени во нив не соодветствуваат со реалноста покажува дека претходно овој услов не постоел. Тие тврдат освен тоа дека паровите кои користеле договор за сурогат мајчинство во странство имале право на транскрипција на изводите на децата кои се родиле на овој начин.
53. Второ, во времето на фактите, судската пракса не го спротиставувала меѓународниот јавен поредок на признавањето на филијација. Касациониот суд пресудил во негативна смисла само во случаи кога сурогат мајката била исто така биолошка мајка на детето и каде сурогат мајчинството се случило во Франција (пресуда од 31 мај 1991 година и 29 јуни 1994), и кога јавното обвинителство се откажало од тоа да ја обжали пресудата на Апелациониот суд од Париз од 15 Јуни 1990 година со која се потврдувало посвојување на дете родено во САД со сурогатство, во случај кога тоа истовремено ја обжалило пресудата со која се валидирало посвојување на дете родено на овој начин во Франција. Покрај тоа, тие го сметаат за нерелевантен аргументот на Владата дека судкста пракса во однос на членот 47 од Граѓанскиот законик по пресудата на Касациониот суд од 12 ноември 1986 дозволувала да се одбие да се даде правно дејство во Франција на изводи од матични книги изготвени во трети земји кога фактите што во нив биле содржани не ја одразувале реалноста. Тие нагласуваат во овој поглед дека изводите изготвени во САД во нивниот случај не наведуваат наводна биолошка врска помеѓу втората жалителка и третата и четвртата жалителка.
54. Трето, иако двојки во иста ситуација како нивната добиле без проблем пасоши за нивните деца од францускиот конзулат во Лос Анџелес, жалителите се соочиле во овој поглед со брутална промена на праксата чија цел била откривање на случаите на сурогат мајки, споредлива со онаа што Судот ја осудил во пресудата Wagner претходно наведена (§ 130).
ii. Владата
55. Владата од своја страна смета дека мешањето било „пропишано со закон“. Таа вели во овој поглед дека членот 16-7 од Граѓанскиот законик предвидува дека секој договор за прокреација или раѓање за друг е ништовен, со оглед на тоа дека оваа одредба спаѓа во доменот на јавниот поредок и дека Касациониот суд истакнал во пресуди од 31 мај 1991 година и 29 јуни 1994 година дека принципите на неотуѓивост на човечкото тело и неотуѓивоста на личниот статус на граѓани на лицата се противат на тоа за татковството или мајчинството да се одлучува со договор, дека тие, исто така, спаѓале во доменот на јавниот поредок, и дека тие спречувале да се им се даде правно дејство, во однос на филијацијата, на договори за сурогат мајчинство. Според неа, фактот дека овие пресуди се однесуваат на валидноста на пресуди за посвојување изречени последично на сурогат мајчинство кое се случило на француска територија не влијае на нивната релевантност во овој случај; она што е важно е тие јасно да востановуваат дека такви спогодби се спротивни на овие принципи на јавен поредок. Со други зборови, според Владата, жалителите не можеле да го игнорираат ниту карактерот на јавен поредок на забраната на сурогат мајчинство во францускиот закон во времето кога го започнале овој проект, ниту пак тешкотиите кои можеле да произлезат подоцна.
56. Таа додава дека судската пракса во врска со членот 47 од Граѓанскиот законик по пресудата на Касациониот суд од 12 ноември 1986 година дозволувала да се одбие да се даде правно дејство во Франција на изводи од матични книги изготвени во трети земји кога фактите што во нив биле наведени не ја одразувале реалноста. Таа понатаму наведува дека, освен во изолирани случаи, во Франција, во времето на раѓањето на третата и четвртата жалителка, немало пракса која се состоела во транскрипција на изводи на деца родени со договор за сурогат мајчинство склучен во странство. По ова, околностите на овој случај би се разликувале од оние на случајот Wagner претходно наведен, каде жалителките биле лишени од ваква пракса што се однесува на посвојувањето.
iii. Судот
57. Според судската пракса на Судот, зборовите „пропишано со закон“ во членот 8 § 2 бараат не само оспорената мерка или оспорените мерки да имаат основа во домашното право, но, исто така, да се однесуваат на квалитетот на законот во прашање: тој мора да биде достапен за граѓанинот кој е страна во постапката, како и да биде предвидлив. За да се исполни барањето за предвидливост, законот мора да ги наведе со доволна прецизност условите под кои одредена мерка може да се примени, за да им овозможи на засегнатите лица да го усогласат своето однесување и да се обезбедат по потреба со релевантни совети (видете, на пример, Rotaru c. Roumanie [GC], бр. 28341/95, § 55, CEDH 2000‑V, и Sabanchiyeva et autres c. Russie, бр. 38450/05, § 124, CEDH 2013 (извадоци)).
58. Судот смета дека овие услови се исполнети во овој случај. Прво, тој забележува дека жалителите не навеле никаков доказ за поддршка на нивното тврдење дека претходно во Франција имало полиберална пракса во однос на признавањето на однос на филијација меѓу децата родени во странство со сурогат мајчинство и родителите преку сурогатство. Тој потоа забележува дека веќе во релевантниот период, членовите 16-7 и 16-9 од Граѓанскиот законик изречно ја предвидувале ништовноста на договорите за сурогат мајчинство и велеле дека тие се ништовни во однос на јавниот поредок. Секако, Касациониот суд не се произнесол генерално за прашањето на признавањето во француското право на односите на филијација помеѓу родителите преку сурогатсво и децата родени во странство со договор за сурогат мајчинство. Сепак, тој веќе имал појаснето во еден случај во кој сурогат мајката била биолошката мајка, дека таков договор бил спротивен на принципите на неотуѓивст на човечкото тело и статусот на лицата. Тој од ова заклучил во сличен случај дека тоа било пречка за воспоставувањето на правен однос на филијација меѓу детето зачнато на таков начин и мајката преку сурогатство, и дека тоа ја спречувало особено транскрипцијата во матичните книги на деталите наведени во изводот од матичната книга на родени изготвен во странство (ставови 30 и 33 погоре). Меѓутоа, токму врз основа на овие одредби од Граѓанскиот законик и во согласност со оваа експлицитна судска пракса, Касациониот суд, од една страна, заклучил во овој случај, дека пресудата на Врховниот суд на Калифорнија од 14 Јули 2000 година била спротивна на француската концепција на меѓународниот јавен поредок во тоа што оваа пресуда давала правно дејство на договор за сурогат најчинство, и, од друга страна, дека транскрипцијата на изводите од матичната книга на родени изготвени врз основа на оваа пресуда во француските матични книги треба да се поништи. Според Судот, жалителите не можеле да игнорираат во овие околности дека постоел барем еден сериозен ризик дека францускиот судија дадонесе таков заклучок во нивниот случај, дури иако ниедна одредба од домашното право изрично не го попречувала признавањето на врската на филијација помеѓу првите жалители и третата и четвртата жалителка, без оглед на принципот на ублажено дејство на јавниот поредок (што францускиот Уставен суд, исто така, го смета за неприменлив за ситуацијата ... ). Затоа е неопходно да се запамети дека мешањето било „пропишано со закон“, во смисла на членот 8 од Конвенцијата.
б) Легитимни цели
59. Жалителите забележуваат дека јавното обвинителство побарало, по сопствена иницијатива, транскрипција на пресудата донесена во нивниот случај во САД, а потоа, неколку месеци по добивањето на таа транскрипција, се беа обратиле до националниот судија со барање за поништување. Според нив, со оглед на ова контрадикторно однесување, не би можело да се каже дека француските власти имале легитимна цел.
60. Владата одговора дека одбивањето да се транскрибираат американските изводи во француските матични книги било мотивирано од фактот дека оваа транскрипција би му дала дејство на договор за сурогат мајчинство кој е формално забранет со национална одредба од доменот на јавниот поредок и кривично санкциониран кога се практикува во Франција. Таа истакнува дека француското право така ги одразува принципите на етика и морал кои се противат на тоа човечкото тело да стане предмет на трансакции и детето да биде сведено на тоа да биде предмет на договор. Таа од ова заклучува дека мешањето ги имало како „легитимни цели“ одбраната на поредокот, спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и заштитата на правата и слободите на другите. Таа додава дека ако обвинителството ја побарало транскрипцијата на изводите од матичната книга на родените на третата и четвртата жалителка, тоа го направило за потоа да побара нивно поништување. Тоа на тој начин постапило во согласност со членот 511 на општото упатство за личниот статус на граѓан од 1 мај 1999 година, во кое се наведува дека треба да се направи автоматска транскрипција кога тоа е во интерес на јавниот поредок, особено ако е потребно да се поништи извод од матична книга кој се однесува на француски државјанин, изготвен во странство согласно локалните обрасци.
61. Судот не е убеден од аргументите на жалителите. Навистина не може да се заклучи од фактот што обвинителството самото побарало транскрипција на пресудата на Врховниот суд на Калифорнија од 14 јули, 2000 за потоа да побара нејзино поништување, дека целта на спорното мешање не фигурирала меѓу оние кои ги наведува вториот став од членот 8. Сепак, Судот не е повеќе убеден од тврдењето на Владата дека се работело за тоа да се осигура „одбрана на поредокот“ и „спречување на кривични дела“. Така, тој констатира дека Владата не утврдува дека тоа што Французите прибегнуваат кон сурогат мајчинство во земја каде тоа е законско претставува кривично дело според францускиот закон. Во тој поглед тој истакнува дека, иако во овој случај била отворена истрага за „посредување со цел раѓање дете за друг“ и „симулација која предизикала повреда на граѓанскиот статус на децата“, истражниот судија одлучил да ја прекине постапката, врз основа на тоа дека, наведените факти, кои биле сторени на територијата на САД каде што тие не се сметале за кривични дела, не претставувале казниви дела на француската територија (ставови 15-16 погоре ).
62. Судот од друга страна разбира дека одбивањето од страна на Франција да го признае односот на филијација меѓу децата родени во странство со сурогат мајчинство и родителите преку сурогатство произлегува од желбата да ги одврати своите државјани да користат надвор од националната територија метода на прокреација што таа ги забранува на својата територија со цел, според нејзината перцепција на проблемот, да се заштитат децата и - како што произлегува од студијата на Државниот совет (Conseil d’Etat) од 9 април 2009 година (... ) - и сурогат мајката. Тoj оттука се согласува дека Владата може да смета дека мешањето ги имало за цел две од легитимните цели наведени во вториот став од членот 8 од Конвенцијата: „заштитата на здравјето“ и „заштитата на правата и слободите на другите“.
в) „Неопходно“, „во едно демократско општество“
i. Жалителите
63. Жалителите се согласуваат дека, со оглед на недостатокот на заеднички европски пристап, државите членки во принцип имаат широк простор за слободна проценка што се однесува до изготвувањето на законот за сурогат мајчинство. Сепак, тие сметаат дека во овој случај овој простор за слободна проценка треба да биде релативизиран. Така, според нив, од една страна, не се работи за тоа дали забраната за сурогат мајчинство од страна на земја-членка е компатибилна со Конвенцијата; она што се критикува тука е одлуката која, во земјата во која живеат, ги лишува децата родени од сурогат мајчинство кое регуларно се практикува во странство, од изводи од матична книга кои ја ја потврдуваат нивната филијација, вклучително и со нивниот биолошки татко. Од друга страна, тие веруваат дека во Европа барем има поволен тренд, на земање во предвид на ситуации како нивната. Повикувајќи се на пресудата Wagner et J.M.W.L. претходно наведена, тие нагласуваат дека потребата да се земе во предвид најдобриот интерес на детето има за последица да го ограничи просторот за слободна проценка на државите.
64. Повикувајќи се на истата пресуда (§ 135), жалителите потоа укажуваат на тоа дека француските судови не ја спровеле бараната конкретна и детална контрола на нивната семејна ситуација и на постоечките интереси: Апелациониот суд само го офрлил без причина жалбениот навод кој се засновал на прекршувањето на членот 8 од Конвенцијата, а тоа било потврдено и од Касациониот суд кој само навел дека спорната мерка не ги спречувала жалителите да живеат заедно.
65. Покрај тоа, според жалителите, ригидниот став на Касациониот суд, кој има за цел да го зачува целосниот „разубедувачки ефект“ на забраната на сурогат мајчинството, спречува каков и да е прагматичeн аранжман кој би се состоел во тоа да се признае, во име на најдобрите интереси на детето, правното дејство на ситуација која била регуларно стекната во странство. Ова би било спротивно на праксата на Судот во однос на членот 8, која содржи и конкретен пристап кон реалноста на семејниот живот (жалителите се повикуваат особено на пресудата Wagner претходно наведена, § 133).
66. Исто така, според жалителите, образложението што било усвоено од страна на домашните судови не е релевантно штом принципот на неотуѓивост на личниот статус на граѓанин на лицата е предмет на бројни измени - така, на пример, трансексуалците можат да добијат промена на полот наведен во нивниот извод - и штом законското признавање на деца регуларно родени во странство со сурогат мајчинство е предмет на дебата меѓу правниците, во парламентот и општеството. Тоа е дотолку понерелевантно штo материјалното право е генерално наклонето кон родителите „преку сурогат мајчинство“. Така, во случај на имплантација на ембрион (легално во Франција; жалителите се повикуваат на членовите L 2141-4 и следните од Кодексот за јавно здравство), жената која го носи ембрионот на друга двојка и раѓа дете кое не е нејзино биолошко дете, би можела, исто како и нејзиниот сопруг, да воспостави законски однос на филијација со детето и притоа да ги исклучи биолошките родители. Слично на тоа, во случај на медицински потпомогнато оплодување со донација на сперма (исто така легално во Франција), правниот однос на филијација не може да се вопостави со донаторот на сперма, додека филијацијата со брачниот другар на мајката може да се воспостави (жалителите се повикуваат на членовите 311-19 и 311-20 од Граѓанскиот законик).
67. Жалителите наведуваат дека на ова се надоврзува фактот дека мешањето не дозволува да се постигне бараната цел, бидејќи, како што тоа го истакнува Касациониот суд, тоа не ги лишува децата од филијацијата со мајката и таткото што калифорнискиот закон им ја признава и не ги спречува жалителите да живеат заедно во Франција. Покрај тоа, нивната ефективна и афективна семејна заедница со ова станува „незаконска“. Ова било уште пошокантно во случајот на првиот жалител, кој со одбивањето на транскрипцијата на изводите бил лишен од признавањето на неговиот законски однос на родителство со третата и четвртата жалителка иако тој бил нивниот биолошки татко и ништо не го спречувало признавањето на овој однос од страна на француските матични служби. Згора на тоа, жалителите немаат никаква друга можност правно да ја востановат нивната семејна врска, со оглед на тоа што судската пракса на Касациониот суд ја попречува не само транскрипцијата на изводите, туку, исто така, и усвојувањето и препознавањетоа на нивното de facto уживање статус (possession d’état). Во тоа, нивниот случај јасно би се разликувал од ситуацијата разгледана од страна на Судот во случајот Chavdarov c. Bulgarie (бр 3465/03, 21 декември 2010).
68. Жалителите исто така укажуваат дека спорната мерка има „сериозно несразмерни“ последици врз ситуацијата на третата и четвртата жалителка: во отсуство на признавање на врската на филијација со родителите жалители, тие немаат француско државјанство, немаат француски пасош, немаат важечка дозвола за престој (дури иако се заштитени од протерување заради тоа што се малолетни), и би можеле да се соочат со неможноста да добијат и да уживаат, по нивното полнолетство, право на глас и право да престојуваат безусловно на француска територија, и би можеле да бидат спречени да се стекнат со правото на наследство на првите жалители; освен тоа, во случај на смрт на првиот жалител или на разделба, вториот жалител ќе биде лишен од какво и да е право над децата, на нивна штета како и на своја; во текот на административните постапки каде што се бараат францускио државјанство или филијација (запишување на децата во фондот за социјално осигурување, во училишната кантина или во центарот за рекреација или пак барања за финансиска помош од фондот за семејни додатоци), тие мора да го приложат американскиот извод придружен со заверен судски превод за да ја докажат филијацијата и се препуштени на добрата волја на нивните соговорници. Жалителите истакнуваат во врска со ова дека, пред Касациониот суд, Генералниот адвокат се произнел во корист на признавање на односот на филијација кој ги поврзувал, особено во име на најдобриот интерес на децата, и дека Апелациониот суд од Париз самиот укажал дека ситуацијата ќе предизвика практични тешкотии за семејството Мененсон. Тие, исто така, се повикуваат на извештајот на Државниот совет (Conseil d’Etat) во 2009 г. за ревизија на биоетичките закони, во кој се наведува дека „де факто, животот на семејствата е посложен кога нема транскрипција, поради формалностите кои требат да се направат во дадени прилики од животот“. Тие додаваат дека, во пресудата Wagner претходно наведена (§ 132), Судот укажал дека, особено во овој вид на ситуација, „општествената реалност“ не се земала во предвид и дека детето на тој начин не добивало правна заштита која ќе овозможела целосна интеграција во неговото [во овој случај] посвојувачко семејство.“ Тие си го поставуваат понатаму прашањето за значењето на одбивањето на транскрибирање на изводите изготвени во странство ако, како што тоа го наведува Владата, ваквите изводи имале целосно правно дејство во Франција и нивната транскрипција била само формалност.
69. Жалителите, исто така, се повикуваат на тоа дека заклучокот за непостоење на повреда на членот 8 до којшто дошол Судот дошол во случаите A., B. et C. c. Irlande [GC] (бр. 25579/05, ЕСЧП 2010) и S.H. et autres c. Autriche [GC] (бр. 57813/00, ЕСЧП 2011), кои се однесувале на пристапот до абортус и до медицински потпомогнатото оплодување, се засновал особено на фактот дека, доколку внатрешното право ги забранува таквите практики, тоа не ги спречувало овие поединци да одат во странство за да прибегнат кон истите и, во случајот S.H., дека филијацијата на таткото и мајката оттука биле „регулирани со посебни одредби на Граѓанскиот законик [почитувајќи] ги желбите на родителите.“
70. Во одговорите на дополнителните прашања на претседателот на одделот (став 5 погоре), жалителите укажуваат на тоа дека според членот 311-14 од Граѓанскиот законик, филијацијата е регулирана со законот од земјата на мајката на денот на раѓањето на детето (и, доколку мајката не е позната, со законот од земјата на детето), односно, според судската пракса на Касациониот суд (Civ.. 111 Јуни, 1996 година), земјата кој е спомената во изводот од матичната книга на родени. Меѓутоа од одлуката донесена 14 јули 2000 година од страна на калифорнискиот врховен суд произлегува дека официјалните родители на третата и четвртата жалителка се првите жалители. Сепак, француските власти и судови одбиле да го утврдат ова, од што произлегло дека со оглед на тоа дека дека мајката не била призната под францускиот закон, филијацијата не можела да се регулира со законот од земјата на истата. Филијацијата оттука ќе биде регулирана со правото од земјата на третата и четвртата жалителка, односно со американскиот закон. Со оглед на тоа што односот на филијација меѓу овие и првите жалители не можел да се утврди во францускиот закон и на тоа што пресудите од 13 септември 2013 година на Касациониот суд ги поништиле признавањата на татковство кои биле направени од страна на биолошки татковци на деца родени од сурогат мајчинство реализирано во странство (...), третата и четвртата жалителка нема да можат да се стекнат со француско државјанство според член 18 од Граѓанскиот законик („детето чиј барем еден родител е Француз има француско државјанство“) иако првиот жалител е нивниот биолошки татко. Жалителите додаваат дека, без оглед на циркуларното писмо од 25 јануари 2013 година (...), третата и четвртата жалителка не можат да добијат уверение за државјанство. Така, според нив, заради пресудата донесена во нивниот случај од страна на Касациониот суд и на неговата судска пракса од 13 септември 2013 година карактеризирајќи го за „измамнички“ процесот кој овозможил изготвување на извод од матична книга на дете родено во странство со договор за сурогат мајчинство, изводите од матичната книга на родени на истите се невалидни во смисла на членот 47 од Граѓанскиот законик, така што оваа одредба е неефикасна. Тие додаваат дека смислата на циркуларното писмо е да не претставува пречка за издавањето на уверение за државјанство само врз основа на сомневање за прибегнување кон сурогат мајчинство; тоа оттука немало дејство врз ситуации како нивната, каде судовите експлицитно утврдиле дека имало сурогат мајчинство. Во знак на поддршка на овој аргумент, тие велат дека не добиле одговор на барањето за издавање на уверение за француско државјанство на третата и четвртата жалителка поднесено на 16 април 2013 г. од страна на првиот жалител до секретаријатот на Окружниот суд на Шарентон ле Понт (Charenton le Pont). Тие приложуваат потврди за прием на барање потпишани на 31 октомври 2013 година и на 13 март 2014 година од страна на секретарот кој наведува дека барањето „се уште се обработува во [неговите] служби, во очекување на одговорот на барањето за автентикација испратено до конзулатот од Лос Анџелес, Калифорнија“ . Тие додаваат дека поради судската пракса на Касациониот суд од 13 септември 2013 година, првиот жалител не може да ги признае третата и четвртата жалителка, иако тој е нивниот биолошки татко.
ii. Владата
71. Владата тврди дека нетранскрибирањето на странските изводи како што се изводите од матичната книга на раѓање на третата и четвртата жалителка не спречува тие да произведуваат целосно правно дејство на националната територија. Така, прво, уверенија за француско државјанство се издаваат врз основа на таквите изводи штом е утврдено дека еден од родителите е француски државјанин (владата приложува копија од циркуларното писмо на министерот за правда, од 25 јануари 2013 година, и забележува дека жалителите не покренале никаква постапка за стекнување на француско државјанство од страна на третата и четвртата жалителка) и малолетните лица не можат да биде предмет на мерки на депортација; второ, првиот и вториот жалител целосно го уживаат родителското право во однос на третата и четвртата жалителка, врз основа на американски изводи на последниве; трето, доколку дојде до развод, судијата за семејство ќе го одреди местото на живеење и правата за посети на родителите како што се наведени во странскиот извод; четврто, со оглед на тоа што доказот за имањето својство на наследник може да се приложи со какви било средства, третата и четвртата жалителка ќе бидат во можност да ги наследат првите жалители врз основа на нивните американски изводи, во рамките на обичајното право. Владата, исто така, забележува дека жалителите ги надминале проблемите кои ги наведуваат со оглед на тоа дека тие не тврдат дека не можеле да ги пријават третата и четвртата жалителка во фондот за социјално осигурување или да ги запишат во училиште и дека не можеле да ја користат социјалната помош доделена од страна на службата за семејни додатоци и дека, општо гледано, тие не утврдуваат дека се соочуваат со „многу секојдневни тешкотии“ поради одбивањето на транскрипцијата. Таа оттука си го поставува прашањето за вистинскиот обем на мешањето во семејниот живот на жалителите, со оглед на тоа дека ова мешање се сведува на неможноста за нив да им бидат издадени француски изводи.
72. Владата инсистира на тоа дека, сакајќи да спречи секаква можност за комодификација на човечкото тело, да обезбеди почитување на принципот на нeoтуѓивост на човечкото тело и на личниот статус на граѓанин на лицата како и да го заштити најдобриот интерес на детето, Парламентот, изразувајќи ја општата волја на францускиот народ, одлучил да не го дозволи сурогат мајчинството. Националниот судија соодветно реагирал одбивајќи да ги транскрибира изводите на лица родени со сурогат мајчинство во странство: дозволувањето на сурогат мајчинството ќе соодветствувало на премолчено да се прифати дека домашното право било свесно и неказнено заобиколено и ќе ја ставело под прашалник конзистентноста на забраната.
Таа додава, што се однесува токму на отсуството на транскрипција на татковството, дека тоа произлегува од фактот дека проектот на жалителите бил оној на двојка и дека „немало потреба“ да се разграничуваат соодветните ситуации на членовите на двојката. Таа, исто така, смета дека со оглед на различноста на основите и методите за утврдување на филијација предвидени со францускиот закон, давањето предност на чисто биолошки критериум „се чини многу дискутабилно.“ Конечно, таа смета дека „во однос на интересот на детето, се чини подобро да се стават и двајцата родители на исто ниво на правно признавање на постоечките врски меѓу нив и нивните деца.“
73. Владата додава дека, со оглед на тоа дека сурогат мајчинството е морално и етичко прашање и во недостаток на консензус за ова прашање меѓу државите-членки, на последниве треба да им се уважи широк простор за слободна проценка во оваа област како и во начинот на кој тие ги разбираат последиците од филијацијата утврдена во овој контекст во странство. Според неа, со оглед на овој широк простор за слободна проценка и на фактот дека семејниот живот на жалителите се одвива нормално врз основа на американскиот личен статус на граѓанин на децата и со оглед на тоа дека најдобриот интерес на последниве е зачуван, мешањето во вршењето на правата што им ги гарантира членот 8 од Конвенцијата е „исклучително пропорционално“ со саканите цели, така што немало повреда на оваа одредба.
74. Во своите одговори на дополнителните прашања на претседателот на одделот (став 5 погоре), Владата наведува дека законот што се применува за утврдување на филијацијата на третата и четвртата жалителка е, согласно членот 311-14 од Граѓанскиот законик, законот од земјата на нивната мајка, или, според судската пракса на Касациониот суд (Civ. 1ère 11 јуни 1996, Bull. civ. бр. 244), на онаа која ги родила; станува збор значи за законот на сурогат мајката, односно, во овој случај, американскиот закон; или во однос на овој закон, првите жалители се родителитете на третата и четвртата жалителка, а втората жалителка е нивната „законска мајка“. Владата додава дека, доколку ги исполнуваат условите од членот 47 од Граѓанскиот законик и без оглед на нивната транскрипција, странските изводи од матичната книга на родени имаат правно дејство на француската територија, особено во однос на доказот за филијацијата која во нив е наведена. Таа појаснува дека членот 47 е применлив во овој случај, иако транскрипцијата на американските изводи од матичната книга на раѓање на третата и четвртата жалителка била поништена во согласност со пресудата на Касациониот суд од 6 април 2011 година и дека произлегува од судската пракса на последниов дека договите за сурогат мајчинство се ништовни и ништовни во однос на јавниот поредок и не можат да произведат дејство во францускиот закон во однос на филијацијата. Соодветно на тоа, членот 18 од Граѓанскиот законик - според кој француски државјанин е дете чиј барем еден родител е Француз - е применлив штом доказот за постоење на законски утврдена филијација е обезбеден со странски извод од матична книга чија доказна сила не може да се оспори. Конечно, Владата укажува дека првиот жалител не би можел да ги признае во Франција третата и четвртата жалителка, со оглед на тоа дека Касациониот суд пресудил на 13 септември 2013 година дека признавањето на татковство од страна на татко преку сурогат мајчинство во однос на дете родено со договор за сурогат мајчинство треба да биде поништено поради прекршувањето на законот извршено од страна на таткото со користење на овој метод.
iii. Судот
α. Општи согледувања
α. Considérations générales
75. Судот забележува дека Владата тврди дека, во областа на спорот, државите договорнички уживаат широк простор за слободна проценка за да одлучат што е „неопходно“, „во едно демократско општество“. Тој, исто така, забележува дека жалителите тоа го уважуваат, но сметаат дека опсегот на овој простор треба да биде релативизиран во овој случај.
76. Судот ја споделува анализата на жалителите.
77. Тој потсетува дека обемот на просторот за слободна проценка со кој располагаат државите зависи од околностите, областа и контекстот и дека присуството или отсуството на заеднички именител меѓу правните системи на државите договорнички може да биде релевантен фактор во овој поглед (видете, на пример, Wagner et J.M.W.L.и Negrepontis-Giannisis, претходно наведени, § 128 и § 69 наизменично). Така, од една страна, кога не постои консензус меѓу земјите-членки на Советот на Европа, без разлика дали се работи за релативната важност на засегнатиот интерес или за тоа како најдобро тој да се заштити, особено кога случајот покренува чувствителни морални или етички прашања, просторот за слободна проценка е широк. Од друга страна, кога еден особено важен аспект на постоењето или на идентитетот на поединец е во прашање, просторот оставен на Државата е вообичаено ограничен (видете особено S.H. претходно наведена, § 94).
78. Судот истакнува во овој случај дека во Европа нема консензус ниту за законитоста на сурогат мајчинството ниту пак за правното признавање на врската на филијација меѓу родителите преку сурогатство и децата на овој начин законски родени во странство. Така, од истражувањето по споредбено право што тој го направил произлегува дека сурогат мајчинството е изречно забрането во четиринаесет од разгледаните триесет и пет земји-членки на Советот на Европа - освен Франција; во десет, тоа е или забрането според општите одредби или не се толерира, или пак неговата законитост е неизвесна; од друга страна, тоа е експлицитно дозволено во седум, а се толерира во четири држави. Во тринаесет од овие триесет и пет држави е можно да се добие правно признавање на врската на филијација меѓу родителите преку сурогатство и децата родени од сурогат мајчинството законски реализирано во странство. Тоа, исто така, е можно во други единаесет од овие држави (од кои една во која оваа можност е валидна само за татковството кога таткото преку сурогатство е биолошкиот татко), но исклучена во преостанатите единаесет (освен можеби можноста во една од нив да се добие признавање на татковството кога таткото преку сурогатство е биолошкиот татко) (...).
79. Ова непостоење на консензус го одразува фактот дека употребата на сурогат мајчинството покренува чуствителни етички прашања. Тој, исто така, потврдува дека на државите во принцип мора да им се даде широк простор за слободно одлучување, во однос на одлуката не само за тоа дали да се дозволи овој начин на прокреација, туку, исто така, за тоа дали да се признае филијација меѓу децата законски родени со сурогат мајчинство во странство и родителите преку сурогатство.
80. Сепак, исто така, мора да се земе во предвид фактот дека клучен аспект на идентитетот на поединците е во прашање штом станува збор за филијација. Затоа е потребно да се намали просторот за слободна проценка кој бил на располагање на тужената држава во овој случај.
81. Покрај тоа, изборите што ги прави државата, дури и во рамките на овој простор за слободна проценка, не ја избегнуваат контролата на Судот. Судот е должен да ги разгледа внимателно аргументите што биле земени предвид за да се постигне крајното решение и да испита дали била постигната правична рамнотежа помеѓу интересите на државата и на оние на лицата кои се директно засегнати со ова решение (видете, mutatis mutandis, S.H. et autres, претходно наведена, § 97).. Притоа, тој мора да води сметка за основното начело според кое, секогаш кога се работи за ситуацијата на дете, најдобриот интерес на истото мора да надвладее (видете, меѓу многу други, Wagner et J.M.W.L., претходно наведена, §§ 133-134, и E.B. c. France [ГС], бр. 43546/02, §§ 76 и 95, 22 јануари 2008 г.).
82. Во овој случај, Касациониот суд пресудил дека францускиот меѓународен јавен поредок не дозволувал транскрипција во француските матични книги на извод од матичната книга на родени издаден со извршување на странска пресуда вклучувајќи одредби кои се спротивни на основните принципи на францускиот закон. Тој потоа истакнал дека во францускиот закон, договорите за сурогат мајчинство биле ништовни зашто спротивни на јавниот поредок, и дека било спротивно на „фундаменталнит принцип на францускиот закон“ на неотуѓивоста на статусот на граѓанин на лицата да се дозволи ваквите договори за филијација да произведуваат правно дејство. Тој оттука заклучил дека со тоа што доделувала правно дејство на договор за сурогат мајчинство, пресудата донесена во случајот на жалителите од страна на калифорнискиот Врховен суд била во спротивност со француската концепција на меѓународниот јавен поредок, и дека, изготвени согласно таа пресуда, американските изводи од матичната книга на родени на третата и четвртата жалителка не можеле да бидат транскрибирани во француските матични книги (видете став 27 погоре).
83. Неможноста жалителите да добијат признавање во францускиот закон на филијацијата меѓу првите жалители и третата и четвртата жалителка е, значи, според Касациониот суд, последица на етичкиот избор на францускиот законодавец да го забрани сурогат мајчинството. Владата посочува во врска со ова дека домашниот суд правилно укажал на последиците од тој избор одбивајќи ја транскрипцијата на странските изводи на децата родени од сурогат мајчинство практикувано надвор од Франција. Според неа, да се дозволи значи би било еднакво на премолчено прифаќање на тоа дека домашното право било заобиколено и би ја ставило под прашалник конзистентноста на забраната.
84. Судот забележува дека овој пристап се искажува преку користењето на приговорот на меѓународниот јавен поредок, својствен на меѓународното приватно право Тој не сака истиот да го стави под прашалник како таков. Сепак тој се уште мора да провери дали применувајќи го овој механизам во овој случај, домашниот судија правилно ја зел во предвид потребата од постигнување рамнотежа помеѓу интересот на заедницата да обезбеди нејзините членови да го почитуваат изборот направен демократски во нејзините рамки и интересот на жалителите - вклучувајќи го и најдобриот интерес на децата - целосно да ги уживаат своите права на почитување на приватниот и семејниот живот.
85. Тој забележува во овој поглед, дека Касациониот суд оценил дека неможноста да се транскрибираат американските изводи од матичната книга на раѓање на третата и четвртата жалителка во француските матични книги не го повредувала ниту нивното право на почитување на приватниот и семејниот живот ниту нивниот најдобар интерес како дете, бидејќи тоа не ги лишувало од филијацијата со мајката и таткото што калифорнискиот закон им ја признава и не ги спречувало да живеат во Франција со првите жалители (видете став 27 погоре).
86. Судот смета дека е неопходно во овој случај да се направи разлика меѓу правото на жалителите на почитување на нивниот семеен живот, од една страна, и правото на третата и четвртата жалителка на почитување на нивниот приватен живот, од друга страна.
β. За правото на жалителите на почитување на нивниот семеен живот
87. Во однос на првата точка, Судот смета дека недостатокот на признавање во францускиот закон на врската на филијација меѓу првите желители и третата и четвртата жалителка нужно влијае на нивниот семеен живот. Тој истакнал во овој поглед дека, како што тоа го истакнуваат жалителите, Апелациониот суд на Париз уважил во овој случај дека вака создадената ситуација предизвикувала „конкретни проблеми“ (видете став 24 погоре). Тој понатаму забележува дека, во неговиот извештај од 2009 г. за ревизијата на законите за биоетика, францускиот Државен совет истакнал дека „во реалноста, животот на овие семејства е посложен кога не постои транскрипција, заради формалностите кои треба да ги направат во дадени животни околоности“ (...).
88. Така, не располагајќи со француски изоди или со француски семејни книшки, жалителите се приморани да ги покажуваат американските изводи - кои не се транскрибирани - придружени со заверен превод секој пат кога пристапот до некое право или услуга бара нужно доказ за филијацијата, и најверојатно наидуваат на сомнеж, или барем на неразбирање, од страна на лицата на кои им се обраќаат. Тие наведуваат, во овој поглед, дека се сретнале со потешкотии при запишувањето на третата и четвртата жалителка во Фондот за социјално осигурување, во училишната кантина или во рекреативниот центар и при доставувањето на барањата за финансиска помош при службата за семејни додатоци.
89. Згора на тоа, фактот до дека во францускиот закон, двете деца немаат врска на филијација ниту со првиот жалител ниту со втората жалителка, има како последица, барем досега, дека ним не им било признато француското државјанство. Оваа околност ги усложнува движењата на семејството и предизвикува загриженост - иако неоснована, како што тоа го наведува Владата - што се однесува до правото на престој на третата и четвртата жалителка во Франција по нивното полнолетство и оттука и на стабилноста на семејната единица. Владата тврди дека, особено со оглед на циркуларното писмо од Министерот за правда од 25 јануари 2013 година (...), третата и четвртата жалителка можат да добијат уверение за француско државјанство врз основа на Членот 18 од Граѓанскиот законик кој предвидува дека „француски државјанин е детето чиј барем еден родител е Француз“, прикажувајќи ги нивните американски изводи.
90. Судот забележува меѓутоа забележува дека остануваат отворени прашања што се однесува до оваа можност.
Прво, тој забележува дека според наведениот законски текст, француското државјанство се доделува врз основа на државјанството на еден од родителите. Меѓутоа, тој констатира дека законското утврдување на родителите е токму во срцето на жалбата која е поднесена до него. Така, при читањето на забелешките на жалителите и на одговорите на Владата, се чини дека правилата на меѓународното приватно право го прават, во овој случај, особено сложено, па дури и несигурно, повикувањето на членот 18 од Граѓанскиот законик за да се утврди француското државјанство на третата и четвртата жалителка.
Второ, Судот забележува дека Владата се повикува на членот 47 од Граѓанскиот законик. Овој текст наведува дека изводите изготвени во странство и напишани согласно обрасците кои се користат во засегнатите држави во странство се валидни „освен ако други поседувани изводи или документи, надворешни податоци или податоците од самиот извод не утврдуваат дека изводот во прашање е нелегален, фалсификуван или ако фактите наведени во него не одговараат на реалноста.“ Оттука, се поставува прашањето дали такво исклучување се прави кога, како што е во овој случај, било утврдено дека засегнатите деца се родени со сурогат мајчинство извршено во странство, нешто што Касациониот суд го анализира како заобиколување на законот. Меѓутоа, иако поканета од Претседателот да одговори на ова прашање и да разјасни дали постоел ризик така изготвено уверение за државјанство подоцна да биде оспорено и поништено или повлечено, Владата не дала никакво појаснување. Покрај тоа, постапката по однос на барањето поднесено за оваа цел на 16 Април 2013 г. во секретаријатот на Окружниот суд на Париз од страна на првиот жалител била сеуште во тек единаесет месеци подоцна: главниот секретар укажал на 31 октомври 2013 и 13 Март 2014 година дека таа е „во тек“, „во очекување на повратен одговор на барањето за автентикација испратено до Конзулатот во Лос Анџелес“ (видете став 28 погоре).
91. На ова се надоврзува многу разбирливата загриженост што се однесува до зачувувањето на семејниот живот помеѓу втората и третата и четвртата жалителка во случај на смрт на првиот жалител или на разделба на парот.
92. Меѓутоа, без оглед на важноста на потенцијалните ризици кои се закануваат на семејниот живот на жалителите, Судот смета дека тој мора да се одлучи во поглед на практичните пречки што тие ефективно морале да ги надминат, заради непризнавањето во францускиот закон на врската на филијација меѓу првите жалители и третата и четвртата жалителка (видете, mutatis mutandis, X, Y et Z, , претходно наведена, § 48). Меѓутоа, тој заблежува дека жалителите не тврдат дека тешкотиите кои ги наведуваат биле несовладливи и не покажуваат дека неможноста да добијат признавање во францускиот закон на врската на филијација ги спречува да го уживаат во Франција правото на почитување на нивниот семеен живот. Во однос на ова, тој констатира дека тие биле во можност да се населат сите четворица во Франција набрзо по раѓањето на третата и четвртата жалителка, дека можат да живеат заедно во услови кои во голема мерка се споредливи со условите во кои живеат други семејства и дека не постои причина да се верува дека има ризик властите да одлучат да ги разделат заради нивниот статус во однос на францускиот закон (видете, mutatis mutandis, Chavdarov c. Bulgarie, бр. 3465/03, § 49-50 и 56, 21 декември 2010).
93. Судот понатаму забележува дека за да ги отфрли жалбените основи што жалителите ги поднеле во однос на Конвенцијата, Касациониот суд нагласил дека поништувањето на транскрипцијата во француската матична книга на раѓање на изводите на третата и четвртата жалителка не ги спречувало да живеат со првите жалители во Франција (видете став 27 погоре). Судот од ова заклучува дека во овој случај, во согласност со она што тој го сметал за важно во случајот Wagner et J.M.W.L. (наведен погоре, § 135), француските судии направиле соодветно конкретно испитување на ситуацијата, бидејќи, со погоре наведената формулација, тие оцениле, имплицитно, но нужно, дека практичните тешкотии со коишто жалителите можеле да се сретнат во нивниот семеен живот во отсуство на признавање во францускиот закон на правната врска меѓу нив утврдена во странство не ги надминувале ограничувањата што ги наметнува почитувањето на членот 8 од Конвенцијата
94. Оттука, со оглед, од една страна, на практичните последици од непризнавањето во францускиот закон на врската на филијација помеѓу првите жалители и третата и четвртата жалителка врз нивниот семеен живот, и, од друга страна, на просторот за слободна проценка со кој располага тужената држава, Судот смета дека ситуацијата до која води заклучокот на Касациониот суд во овој случај обезбедува правична рамнотежа помеѓу интересите на жалителите и оние на државата, што се однесува до нивното право на почитување на нивниот семеен живот.
95. Останува да се утврди дали истото важи и во однос на правото на третата и четвртата жалителка на почитување на нивниот приватен живот.
γ. За правото на третата и четвртата жалителка на почитување на нивниот приватен живот
96. Како што Судот потсетил на тоа, почитувањето на приватниот живот бара секој да може да ги востанови деталите на неговиот идентитет на човечко суштество, вклучувајќи ја и неговата филијација (...); кога станува збор за филијацијата клучен аспект од идентитетот на поединецот е во игра (видете став 80 погоре). Меѓутоа, во сегашната состојба на позитивното право, третата и четвртата жалителка се во овој поглед во ситуација на правна несигурност. Иако е вистина дека врската на филијација со првите жалители е уважена од страна на францускиот судија во онаа мера во која таа е утврдена според законот на Калифорнија, одбивањето да и се даде какво и да е правно дејство на американската пресуда и да се транскрибира изводот кој од неа резултира укажува, истовремено, дека оваа врска не е призната од страна на францускиот закон. Со други зборови, Франција, знаејќи дека жалителките биле идентификувани во друга земја како децата на првите жалители, сепак им го порекнува ова својство во својот правен систем. Судот смета дека ваква противречност претставува повреда на нивниот идентитет во рамките на француското општество.
97. Од друга страна, иако членот 8 од Конвенцијата не гарантира право на добивање специфично државјанство, сепак останува фактот дека државјанството е елемент на идентитетот на лицата (Genovese c. Malte, бр. 53124/09, § 33, 11 октомври 2011). Но, како што тоа Судот претходно го забележал, иако нивниот биолошки татко е француски државјанин, третата и четвртата жалителка се соочуваат со вознемирувачка неизвесност што се однесува на можноста да им биде признаено француското државјанство согласно членот 18 од Граѓанскиот законик (...). Ваква неизвесност може да влијае негативно на дефинирањето на нивниот сопствен идентитет.
98. Судот понатаму констатира дека за третата и четвртата жалителка тоа што не се идентификувани од страна на францускиот закон како децата на првите жалители влијае на нивното право на наследство. Тој забележува дека Владата ова го одрекнува. Сепак, тој забележува дека Уставниот суд истакнал дека во отсуство на признавање во Франција на филијацијата утврдена во странство во однос на мајката преку сурогатство, детето родено во странство со сурогат мајчинство неа може да ја наследи само доколку таа го одредила како наследник, пришто данокот на наследство се пресметува како да се работи за трето лице (...), односно тој е понеповолен. Истата ситуација се јавува во контекст на наследување на имотот на таткото преку сурогатство, дури и тој да е биолошки татко како во овој случај. И овде станува збор за аспект на нивниот идентитет врзан за нивното сродство од којшто децата родени со помош на сурогат мајчинство извршено во странство се лишени.
99. Разбирливо е Франција да може да сака да ги обесхрабри своите граѓани да користат во странство метода на репродукција која таа ја забранува на сопствената територија (видете став 62 погоре). Сепак, произлегува од претходно наведеното дека правните последици од непризнавањето во францускиот закон на врската на филијација помеѓу децата и родителите преку сурогатство не се ограничуваат на ситуацијата на вториве, кои самите ги избрале модалитетите на репродукција заради што француските власти ги обвинуваат: тие исто така се однесуваат на самите деца, чие право на почитување на приватниот живот, кое го вклучува тоа дека секој треба да може да ја утврди суштината на својот идентитет, вклучувајќи ја и филијацијата, е значително нарушено. Се поставува значи сериозно прашање за компатибилноста на оваа ситуација со најдобриот интерес на децата, чие почитување треба да ги предводи сите одлуки што ги засегаат нив.
100. Оваа анализа станува особено значајно кога, како во овој случај, еден од родителите преку сурогатство е, исто така, биолошки родител на детето. Со оглед на важноста на биолошката филијација како елемент на идентитетот на секој човек (видете ја, на пример, пресудата Jäggi претходно наведена, § 37), не може да се тврди дека е во интерес на детето тоа да биде лишено од законска врска од ваков вид кога биолошката реалност на оваа врска е утврдена и детето и засегнатиот родител преку сурогатство бараат нејзино целосно признавање. Меѓутоа, не само што врската помеѓу третата и четвртата жалителка и нивниот биолошки татко не била признаена при поднесувањето на барањето за транскрипција на изводите од матичната книга на родени, туку и нејзиното формално утврдување со помош на признавање на татковство или на усвојување или пак со де факто уживањето на личен статус на граѓанин ќе се соочело со прохибитивната судска пракса утврдена во однос на овие прашања од страна на Касациониот суд (...). Судот смета, со оглед на последиците од ова сериозно ограничување на идентитетот и на правото на почитување на приватниот живот на третата и четвртата жалителка, дека оневозможувајќи ги така, како признавањето така и утврдувањето, во домашниот закон, на нивната врска на филијација во однос на нивниот биолошки татко, тужената држава отишла подалеку од она што и го дозволувал просторот за слободна проценка.
101. Со оглед, исто така, на тежината која треба да му се даде на интересот на детето кога се вагаат засегнатите интереси, Судот заклучува дека правото на третата и четвртата жалителка на почитување на нивниот приватен живот е повредено.
3. Општ заклучок
0. Немало повреда на членот 8 од Конвенцијата во однос на правото на жалителите на почитување на нивниот семеен живот. Од друга страна, имало сепак повреда на оваа одредба во однос на правото на третата и четвртата жалителка на почитување на нивниот приватен живот.
(...)
ПОРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО,
(...)
2. Одлучи дека немало повреда на членот 8 од Конвенцијата во однос на правото на жалителите на почитување на нивниот семеен живот;
3. Одлучи дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата во однос на правото на третата и четвртата жалителка на почитување на нивниот приватен живот;
(...)
Подготвено на француски, а потоа пренесено во писмена форма на 26 јуни 2014 година, согласно членот 77 став 2 и 3 од деловникот.
Клаудија Вестердик Марк Вилигер,
СекретаркаПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy