© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА МОКАНУ И ДРУГИ ПРОТИВ РОМАНИЈА
(Жалби бр. 10865/09, 45886/07 и 32431/08)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
17 септември 2014
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на Мокану и други против Романија,
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Диан Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Гвидо Раимонди (Guido Raimondi),
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Изабел Беро-Лефевр (Isabelle Berro-Lefèvre),
Пиер Лоренцен (Peer Lorenzen),
Мирјана Лазарова Трајковска (Mirjana Lazarova Trajkovska),
Леди Бјанку (Ledi Bianku),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Ан Пауер-Форде (Ann Power-Forde),
Ишил Каракаш (Işıl Karakaş),
Небојша Вучиниќ (Nebojša Vučinić),
Пауло Пинто де Албукерки (Paulo Pinto de Albuquerque),
Пол Леменс (Paul Lemmens),
Алеш Пејчал (Aleš Pejchal),
Јоханес Силфис (Johannes Silvis),
Криштоф Војтичек (Krzysztof Wojtyczek),
Флорин Стретеану (Florin Streteanu), ad hoc судија,
и Јохан Калеваерт (Johan Callewaert), заменик секретар на Големиот судски совет,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 2 октомври 2013 г. и 25 јуни 2014 г.,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од три жалби против Романија поднесени до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на романските државјани, г-ѓата Анка Мокану (бт. 10865/09), г-динот Марин Стоика (бр. 32431/08) и г-динот Теодор Мариеш и Здружението „21 декември 1989“, правно тело регистрирано согласно романското право со седиште во Букурешт (бр. 45886/07) („жалителите“) од 28 јануари 2009 г., 25 јуни 2008 г. и 13 јули 2007 по истиот редослед.
2. Пред Судот г-ѓата Анка Мокану, г-динот Теодор Мариеш и здружението-жалител беа застапувани од г-динот А. Попеску, г-ата И. Сфирајала и г-динот И. Матеј, адвокати со пракса во Букурешт. На г-ѓата Анка Мокану ѝ беше доделена правна помош. Г-динот Марин Стоика кој исто така доби правна помош, до 8 декември 2009 г. беше застапуван од г-ата Д. Накеа, адвокат со пракса во Букурешт, а од 22 јануари 2013 г. од г-ата Д.О. Натнеану, адвокат со пракса во Букурешт. Романската Влада („Владата“) беше застапувана од нивните агенти, најпрво од г-динот Р.Х. Раду, потоа од г-ата И. Камбреа и конечно од г-ата Брумар од Министерството за надворешни работи.
3. Во своите поединечни жалби лицата жалители тврдеа дека биле жртви на насилното растурање на анти-владините демонстрации кои се случиле во Букурешт во јуни 1990 г. и тврдеа дека не била спроведена делотворна истрага за настаните. Упатувајќи на истите настани здружението-жалител се жалеше на должината на кривичната постапка на која се приклучила како цивилна странка.
4. Жалбите ѝ беа доделени на Третата секција на Судот (правилото 52 § 1 од Деловникот на Судот). На 3 февруари 2009 г. Судскиот совет одлучи да ги спои жалбите бр. 45886/07 и 32431/08 и да ја извести Владата за тоа. На 15 март 2011 г. одлучи да ја извести Владата за жалбата бр. 10865/09.
5. После повлекувањето на г-динот Корнелиу Бирсан, судија избран од Романија, тогаш на функција, Владата го назначи г-динот Флорин Стретеану да биде ад хок судија (член 26 § 4 од Конвенцијата и правилото 29 § 1 од Деловникот на Судот).
6. На 13 ноември 2012 г. Судскиот совет на Третата секција составен од судиите Хосеп Касадевал (Josep Casadevall), Егберт Мијер (Egbert Myjer), Алвина Ѓулумјан (Alvina Gyulumyan), Јан Шикута (Ján Šikuta), Инета Зиемеле (Ineta Ziemele), Луиз Лопез Гера (Luis López Guerra) и Флорин Стретеану (Florin Streteanu), ад хок судија и Сантиаго Квесада (Santiago Quesada), секретар на Секцијата одлучија да ги спојат трите жалби и ги прогласија за допуштени во однос на жалбите согласно членот 2 од Конвенцијата на г-ѓата Анка Мокану, согласно членот 3 на г-динот Марин Стоика и согласно членот 6 § 1 од Конвенцијата во однос на здружението жалител, а ја прогласи остатокот од жалбата за недопуштена. Жалбата бр. 45886/07 беше прогласена за недопуштена во однос на г-динот Теодот Мариеш. Судскиот совет заклучи едногласно дека имало повреда на процедуралниот аспект на членот 2 од Конвенцијата во однос на г-ѓата Анка Мокану и повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата во однос на здружението жалител, и одлучи дека немало потреба посебно да се разгледува жалбата согласно членот 34 од Конвенцијата. Тој исто така заклучи со пет гласа наспроти два дека немало повреда на процедуралниот аспект на членот 3 од Конвенцијата во однос на г-динот Марин Стоика.
7. На 12 февруари 2013 г. г-динот Марин Стоика побара случајот да се упати на Големиот судски совет согласно членот 43 од Конвенцијата и правилото 73. На 29 април 2013 г. панелот на Големиот судски совет го одобри ова барање.
8. Составот на Големиот судски совет беше утврден согласно одредбите од член 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и правилото 24.
9. Г-динот Марин Стоика, здружението жалител и Владата, сите поднесоа сопствените дополнителни забелешки на писмено (правилото 59 § 1). Исто така беа примени коментари од трета странка, од меѓународната невладина организација Ридрес (Redress) на која претседателот ѝ дозволи да интервенира во писмената постапка (член 36 § 2 од Конвенцијата и правилото 44 § 3).
10. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 2 октомври 2013 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(a) за Владата
Г-аЦ. Брумар (C. Brumar), агент,
Г-аГ. Мунтеану (G. Munteanu), адвокат;
(б) за жалителите
Г-аД.О. Хатнеану (D.O. Hatneanu), адвокат,
Г-динА. Попеску (A. Popescu), адвокат,
Г-аИ. Сфирајала (I. Sfîrăială), адвокат,адвокат,
Г-динТ. Мариеш (T. Mărieş), претседател на здружението жалител,
Г-динМ. Стоика (M. Stoica)жалител.
Судот ги сослуша обраќањата најпрво од г-ата Хатнеану и г-ата Сфирајала, потоа на г-ата Брумар и г-ата Мунтеану, и конечно од г-динот Попеску и г-ата Мариеш како и нивните одговори на прашањата поставени од судиите.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
11. Г-ѓата Анка Мокану и г-динот Марин Стоику биле родени во 1970 и 1948 година. Тие живеат во Букурешт.
12. Здружението „21 декември 1989“ (Asociaţia “21 Decembrie 1989”) било формирано на 9 февруари 1990 г. и има седиште во Букурешт.
13. Здружението жалител обединува главно поединци кои биле повредени за време на насилното за растурање на ант-тоталитарните демонстрации што се случило во Романија во декември 1989 г. и роднините на лицата кои умреле за време на тие настани. Тоа била една од групите кои ги поддржале анти-владините демонстрации што се одржале во Букурешт меѓу април и јуни 1990 г., на кои демонстрантите барале, меѓу другото, идентификација на оние што биле одговорни за насилството извршено во декември 1989 г.
А. Настаните од 13 до 15 јуни 1990 г.
1. Преглед на главните настани
14. Главните факти во врска со гушењето на анти-владините демонстрации од 13 до 15 јуни 1990 г. биле опишани во одлуките од 16 септември 1998 г. (види параграфи 99-110 долу) и 17 јуни 2009 (види параграфи 152-163 долу), усвоени од обвинителството при Врховниот суд за правда (кој во 2003 г. станал Висок суд за касација и правда), и во одлуките за почеток на судење (rechizitoriu) усвоени од истото обвинителство на 18 мај 2000 и 27 јули 2007 г.
15. На 13 јуни 1990 г. интервенцијата на безбедносните сили против демонстрантите кои се наоѓале на Универзитетскиот плоштад и други делови на главниот град резултирала со неколку цивилни жртви, вклучително и сопругот на г-ѓата Анка Мокану, г-динот Велику-Валентин Мокану, кој бил убиен од истрел испукан од седиштето на Министерството за внатрешни работи.
16. Вечерта на 13 јуни 1990 г. г-динот Марин Стоику и други лица, некои но не сите биле демонстранти, биле уапсени и малтретирани од страна на униформирани полициски службеници и мажи во цивилна облека, во областа околу седиштето на државната телевизиска станица и во подрумот на таа зграда.
17. На 14 јуни 1990 г. илјадници рудари биле транспортирани во Букурешт, главно од рударскиот регион на Долината Жиу (Valea Jiului) да учествуваат во растурањето на демонстрантите.
18. Во 6.30 часот наутро на 14 јуни 1990 г. Претседателот на Романија им се обратил на рударите кои пристигнале на плоштадот пред зградата на Владата повикувајќи ги да отидат на Универзитетскиот плоштад, да го заземат и бранат од демонстрантите; така и постапиле.
19. Насилните настани од 13 и 14 јуни 1990 г. резултирале со повеќе од илјада жртви, чии имиња се јавуваат на листа приложена со одлуката од 29 април 2008 г. на воениот оддел на обвинителството на Високиот суд за касација и правда.
20. Седиштата на неколку политички партии и други институции, вклучително и на здружението-жалител биле нападнати и испретурани. Ова здружение подоцна се приклучило во кривичната постапка како цивилна странка.
21. Кривичните постапки за незаконско убиство со огнено оружје на г-динот Велику-Валентин Мокану и понатаму не се завршени. Истрагата отворена на 13 јуни 1990 г. за малтретирањето кое наводно го претрпел г-динот Марин Стоика била затворена со одлука да не се покрене обвинение со датум од 17 јуни 2009 г., последователно поддржана со пресуда на Високиот суд за касација и правда од 9 март 2011 г.
22. Фактите коишто биле утврдени од обвинителството на Високиот суд за касација и правда во неговите одлуки од 16 септември 1998 и 17 јуни 2009 г. и во одлуките за судење од 18 мај 2000 и 27 јули 2007 г. можат да се сумираат на следниов начин.
2. Демонстрациите одржани во првите месеци од 1990 г.
23. Универзитетскиот плоштад во Букурешт се сметал за симболична локација на борбата против тоталитарниот режим на Николае Чаушеску, со оглед на големиот број на лица кои умреле или биле повредени таму како резултат на вооружената репресија започната од режимот на 21 декември 1989 г. Затоа на овој плоштад неколку здруженија – вклучително и здружението жалител – ги повикале своите членови да присуствуваат на протести во првите месеци од 1990 година.
24. Така првите демонстрации против времената влада формирана по падот на режимот на Чаушеску се одржале на Универзитетскиот плоштад во Букурешт на 12 и 24 јануари 1990 година, како што е посочено во одлуката издадена на 17 јуни 2009 година од страна на обвинителството на Високиот суд за касација и правда. Во таа одлука исто така се вели дека контра-демонстрациите биле организирани од страна на Националниот фронт за спас (Frontul Salvării Naţionale, „ФСН“) на 29 јануари 1990. Во таа прилика рударите од регионот на рудниците со јаглен во Долината Жиу, Марамуреш и други делови се појавиле во Букурешт. Седиштето на Националната либерална партија било вандализирано.
25. Од 25 февруари 1990 г. натаму се одржувале демонстрации секоја недела. Според одлуката за судење од 27 јули 2007 г. тие требале да го осудат недемократскиот однос на оние на власт, кои биле обвинети за „изневерување на идеалите на револуцијата“ и имале за цел да го предупредат населението за заканата од нов диктаторски режим.
26. Последователно биле започнати изборни кампањи за парламентарни избори и за избор на Претседател на Републиката, закажани за 20 мај 1990 г.
27. Во овој контекст неодобрените „маратонски демонстрации“ (manifestaţii maraton) започнале на 22 април 1990 г. на Универзитетскиот плоштад на иницијатива на Студентската лига и други здруженија вклучително здружението-жалител. Овие демонстрации траеле педесет и два дена, за време на кои демонстрантите го окупирале Универзитетскиот плоштад. Одлуките од 16 септември 1998 г. и 17 јуни 2009 г. посочуваат дека демонстрантите кои се собрале во голем број, не биле насилни и во суштина барале лицата кои биле на власт за време на тоталитарниот режим да бидат исклучени од политичкиот живот. Тие исто така повикале на политички независна телевизиска станица.
28. Тие барале да се идентификуваат оние што биле одговорни за вооружената репресија во декември 1989 г. и барале оставка на државното раководство (посебно на министерот за внатрешни работи), кој го сметале за одговорен за репресијата за време на анти-комунистичките демонстрации во декември 1989 г.
29. На 22 април 1990 г. четиринаесет демонстранти биле уапсени од полицијата на основ дека демонстрациите не биле одобрени. Соочени со реакцијата на јавноста која дошла да го зголеми бројот на демонстранти на Универзитетскиот плоштад, полицијата ги ослободила четиринаесетте демонстранти. Властите во наредните денови повеќе не користела сила, иако Градскиот совет на Букурешт сè уште не дал одобрение за собирот.
30. Преговорите меѓу демонстрантите и времената влада се нашле во пат позиција.
31. На 20 мај 1990 г. се одржале претседателски и парламентарни избори. ФСН и нејзиниот лидер кој се кандидирал за Претседател ги добиле изборите.
32. По овие избори протестите продолжиле на Универзитетскиот плоштад, но се намалиле во споредба со нивниот првичен размер. Од приближно 260 лица кои сè уште биле таму, 118 започнале штрајк со глад.
3. Состанок одржан од извршната власт на 11 јуни 1990 г.
33. Вечерта на 11 јуни 1990 г. новоизбраниот претседател на Романија и неговиот премиер одржале владин состанок на кој присуствувале министерот за внатрешни работи и неговиот заменик, министерот за одбрана, директорот на Романската разузнавачка служба (Serviciul Român de Informaţii, „СРИ“), првиот заменик претседател на владејачката партија (ФСН) и генералниот прокуратор на Романија. Ова е утврдено во одлуките на обвинителството од 16 септември 1998 г. и 17 јуни 2009 г.
34. На состанокот било одлучено да се преземат мерки за расчистување на универзитетскиот плоштад на 13 јуни 1990 г. Исто така, било предложено на државните органи, имено полицијата и армијата, да им помогнат околу 5000 мобилизирани цивили. Спроведувањето на овие мерки му било доверено на првиот заменик претседател на ФСН. Двајца членови од управниот комитет на партијата се спротивставиле на мерката но безуспешно. Според одлуката од 17 јуни 2009 г., акцискиот план изготвен од генералот Ц. бил одобрен од премиерот.
35. Истата вечер била емитувана изјава на Кабинетот на генералниот прокуратор (Procuratura Generală) на државната телевизија повикувајќи ја владата да преземе мерки за возилата да можат повторно да се движат околу Универзитетскиот плоштад.
36. На состанок одржан истата вечер во присуство на министерот за внатрешни работи, шефот на СРИ и шефот на полицијата, генералот Д.Ц. поставил план за евакуација на Универзитетскиот плоштад од страна на полицијата и жандармеријата во соработка со цивилни сили. Според тој план дејствијата „требале да започнат во 4 наутро на 13 јуни 1990 г. со блокирање на плоштадот, апсење на демонстрантите и воспоставување на јавен ред“.
4. Настаните што се одвивале на 13 јуни 1990 г.
37. Во околу 4.30 часот наутро на 13 јуни 1990 г. припадници на полицијата и жандармеријата брутално ги нападнале демонстрантите на Универзитетскиот плоштад. Уапсените демонстранти биле однесени и биле затворени во општинската полициска станица на Букурешт. Меѓу 263-те уапсени лица (или 262 според одлуката за судењето од 18 мај 2000) биле и студенти од Институтот за архитектура, кои биле во просториите на својата установа сместена на Универзитетскиот плоштад, а кои не учествувале во демонстрациите. Одлуката од 17 јуни 2009 г. посочила дека 263-те лица кои биле уапсени биле однесени во Касарната Магуреле откако биле држени во полициските ќелии.
38. Полициската операција довела до протести на многу луѓе кои барале уапсените демонстранти да бидат ослободени. Според одлуката од 16 септември 1998 г. тие лица започнале насилни напади врз безбедносните сили, фрлале предмети и палеле автомобили. Според одлуката за судење од 18 мај 2000 г. тие дејствија биле дело на неколку агресивни поединци кои се инфилтрирале во групите мирни демонстранти.
39. Во околу 10 часот наутро работниците од ИМГБ фабриките во Букурешт масовно се упатиле кон Универзитетскиот плоштад за да ѝ помогнат на полицијата да ги уапси демонстрантите. Според одлуката од 16 септември 1998 г. тие делувале на хаотичен и насилен начин, слепо удирајќи и не правејќи разлика меѓу демонстрантите и обичните минувачи.
40. На пладне на 13 јуни 1990 г. демонстрациите се интензивирале околу телевизиската зграда, Универзитетскиот плоштад, Министерството за внатрешни и општинската полициска станица, сите локации каде според демонстрантите уапсените лица можеле да бидат затворени.
41. По овие инциденти, интервенирала армијата и неколку оклопни возила биле испратени во седиштето на Министерството за внатрешни работи.
42. Според извештајот на Министерството за внатрешни работи, на кој упатила Владата во своите забелешки, во околу 18 часот седиштето на Министерството за внатрешни работи било обиколено од околу 4000 до 5000 демонстранти; на наредба на генералите А.Г. и Ц.М. полицајците кои биле внатре во Министерството пукале од огнено оружје во плафонот на влезниот хол со цел да ги разбркаат демонстрантите.
43. Три лица биле убиени од истрелите испукани во Министерството за внатрешни работи.
44. Во тие околности во околу 18 часот кога тој бил на неколку метри од вратите на Министерството, сопругот на првата жалителка бил убиен од куршум кој го погодил во тилот од главата откако рикошетирал. Овие настани се опишани во детали во одлуките од 18 мај 2000 г. и 27 јули 2007 г. за судење против еден генерал и тројца полковници од Министерството за внатрешни работи во релевантното време. Според првата одлука за судење, сопругот на жалителката и другите жртви кои се враќале од своите работни места на тој ден не биле вооружени и претходно не учествувале во маратонските демонстрации на Универзитетскиот плоштад. Како обични набљудувачи на настаните тие биле убиени од куршумите што рикошетирале.
45. Безбедносните сили пукале и убиле четиринаесет лица во друг дел на Букурешт. Друго лице починало откако било избодено во околината на седиштето на телевизијата.
46. На 13 јуни 1990 г. ниеден припадник на државните сили не бил жртва на насилство од страна на демонстрантите што било потврдено во одлуката за отпочнување на судење од 27 јули 2007. Според тој документ, армијата испукала 1.466 куршуми од зградата на Министерството за внатрешни на тој ден.
47. Дополнително, други лица, вклучително и г-динот Марин Стоика биле истепани и лишени од слобода од полицајци и цивили во зградата на државната телевизиска станица, во околностите опишани долу.
48. Зградата на телевизиската станица во тоа време била чувана од 82 војници, поддржани од 14 оклопни возила и последователно зајакнати од други групи на вооружени сили, од кои најголемата броела 156 војници (кои пристигнале во 19 часот), одред на падобранци (19.30 часот), 646 војници (20 часот), 118 падобранци (23 часот) и 360 војници со дополнителни 13 оклопни возила (23 часот).
49. Во 1 часот наутро демонстрантите биле избркани од зградата на телевизијата по што следела масовна интервенција.
5, Околности специфични за г-динот Марин Стоика
50. Кон крајот на попладнето на 13 јуни 1990 г. додека одел накај своето работно место по улицата во близина на зградата на државната телевизија, жалителот бил брутално уапсен од група вооружени лица и однесен на сила во зградата на телевизијата. Пред очите на полициските службеници и војниците, цивили го удриле и врзале, потоа го однеле во подрумиот на зградата. Потоа бил внесен во телевизиско студио, каде веќе се наоѓале неколку дузина луѓе. Тие биле снимани во присуство на тогашниот директор на државната телевизиска станица. Снимките биле емитувани ноќта на 13 кон 14 јуни 1990 г. проследени со коментари кои ги опишувале засегнатите лица како вработени на странски тајни служби кои се заканувале да ја уништат телевизијата и опремата.
51. Во текот на истата ноќ жалителот бил претепан, удрен по главата со тап предмети и му се заканувале со огнено оружје додека не изгубил свест.
52. Се разбудил околу 4.30 часот наутро во Флореаска Болницата во Букурешт. Според извештајот на судска медицина изготвен на 18 октомври 2002 г. му била издадена лекарска потврда од ургентниот центар на болницата во која се велело дека жалителот бил примен околу 4.30 часот наутро на 14 јуни 1990 г. и дијагностициран со повреда на левата страна на абдоменот и градниот кош, абразија на левата страна од градниот кош како резултат на удар и краниоцеребрална траума.
53. Од страв од понатамошно малтретирање избегал од болницата која била обиколена од полициски службеници во околу 6.30 часот наутро.
54. Неговите документи за лична идентификација му биле одземени во текот на ноќта меѓу 13 и 14 јуни 1990 година. Три месеци подоцна бил повикан да ги земе од Управата за кривична истрага при Генералниот инспекторат на полицијата. Во меѓувреме останал затворен дома од страв да не биде повторни уапсен, мачен и затворен.
6. Пристигнувањето на рударите во Букурешт
55. Според одлуката од 16 септември 1998 г. сведокот М.И., инженер, кој во релевантното време раководел со оддел во агенцијата на Крајова при националната железница (Regionala CFR Craiova), изјавил дека вечерта на 13 јуни 1990 г. директорот на агенцијата наредил редовните возови да бидат откажани и четири конвои на возови со вкупно 57 вагони да им се стават на располагање на рударите на станицата Петрошани, во центарот на рударската Долина Жиу.
56. М.И. додал дека наредбата му се чинела незаконска и дека се обидел да го спречи транспортот на рударите во Букурешт со тоа што го прекинал снабдувањето со електрична енергија на железничката пруга по посочената линија на патувањето. Тој изјавил дека заради неговата инсубординација директорот на ЦФР агенцијата на Крајова наредил да биде заменет и железничката линија била вратена во функција до 21 часот. Се чини дека М.И, подоцна бил отпуштен и изнесен пред обвинителството.
57. Според одлуката издадена на 10 март 2009 г. од страна на обвинителството на Високиот суд за касација и правда на 14 јуни 1990 г., единаесет воза - со вкупно 120 вагони – превезувале работници, главно рудари кон Букурешт од неколку индустриски региони од целата земја. Првите стигнале во Букурешт во 3.45 часот наутро, а последните во 19.08 часот.
58. Одлуката од 16 септември 1998 г. вели дека рударите биле информирани дека тие требале да ѝ помогнат на полицијата да воспостават ред во Букурешт и дека биле наоружани со секири, синџири, стапови и метални кабли.
59. Одлуката од 10 март 2009 г. посочува дека рударите биле мобилизирани од раководството на нивните синдикати. Распрашан како сведок, претседателот на Федерацијата на рударските синдикати кој станал градоначалник на Лупени во 1998 г., изјавил дека пет воза со рудари пристигнале на станицата во Букурешт околу 1 часот наутро на 14 јуни 1990 г., дека рударите биле пречекани од заменикот министер за рудници и генералниот директор на тоа Министерство и дека тие двајца високи владини службеници ги испратиле на Универзитетскиот плоштад.
7. Настаните што се одвивале на 14 јуни 1990 г.
60. Утрото на 14 јуни 1990 г. групи на рудари најпрво застанале на Станицата Викторија (Piaţa Victoriei) во зградата на Владата.
61. Во 6.30 часот наутро шефот на државата се обратил пред рударите кои биле собрани пред зградата на Владата повикувајќи ги да соработуваат со безбедносните сили и да го вратат редот на Универзитетскиот плоштад и во другите делови каде што имало нереди. Во овој говор, кој во целост бил даден во одлуката од 17 јуни 2009, тој повикал да се упатат кон Универзитетскиот плоштад и да го заземат информирајќи ги дека се конфронтираат со „отворени фашистички елементи кои вршеле дела на вандализам“ со тоа што ја палеле зградата на Министерството за внатрешни работи и на полицијата и ја држеле под „опсада на зградата на телевизијата.
62. Рударите веднаш биле одведени „од неидентификувани лица“ до седиштата на опозициските партии и здруженијата на кои се гледало како на непријателски настроени кон властите.
63. Рударите од страните биле поддржани од силите на Министерството за внатрешни работи, со кои формирале „мешани тимови“ и тргнале да бараат демонстранти. Одлуката од 17 јуни 2009 г. посочува дека „дека крајно сурови работи [се случиле] во ова време, каде насилството се користело без правила на сите демонстранти и граѓани на Букурешт кои немале никаква врска со демонстрантите“. Одлуката од 10 март 2009 г. посочува дека рударите исто така ги нападнале и домовите на Ромите. Според таа одлука, рударите имале „критериуми за селекција“ при изборот на лицата кои, според нивно мислење, биле осомничени дека учествувале во Демонстрациите на Универзитетскиот плоштад и „по правило напаѓале Роми, студенти, интелектуалци, новинари и секој што не го признавал нивниот легитимитет“.
64. Групите на рудари и другите лица кои ги придружувале го испретурале седиштето на Националната земјоделска партија (Partidul Naţional Ţărănesc Creştin şi Democrat) и на Националната либерална партија, и седиштето на други правни тела како на пример Здружението на поранешни политички затвореници (Asociaţia Foştilor Deţinuţi Politici), Лигата за заштита на човековите права (Liga pentru Apărarea Drepturilor Omului) и Здружението „21 декември 1989“ (здружението жалител).
65. Според одлуката од 16 септември 1998 година никој од лицата што се наоѓале во седиштата на тие политички партии и на здруженијата во тој момент не бил поштеден од рударите. Сите биле нападнати и сè што поседувале им било одземено. Многу биле фатени и предадени на полицијата – кои се нашле таму „случајно“ – и биле лишени од слобода на целосно незаконски начин.
66. Други групи на рудари отишле на Универзитетскиот плоштад. При пристигнувањето се распрснале по универзитетските згради и Институтот за архитектура лоцирани на Универзитетскиот плоштад. Тие го нападнале персоналот и студентите на кои наишле таму и ги подложиле на насилство и понижување. Рударите ги фатиле сите кои се наоѓале во зградите и ги предале на полицијата и жандармите. Уапсените лица биле однесени од полициските сили во полициските станици или во касарните Банеаса и Магутеле.
67. Рударите потоа тргнале по улиците околу Универзитетскиот плоштад и продолжиле со своите активности таму.
68. Според одлуката од 17 јуни 2009 г. 1,021 лица – вклучително и 63 малолетници во тоа време – биле фатени во тие околности. 182 од нив биле притворени, 88 добиле административна казна, а 706 лица биле ослободени „откако биле проверени“.
69. Одлуката од 16 септември 1998 г. вели дека „рударите [завршиле] со своите активности на сили на прогонот на 15 јуни 1990 г., потоа Претседателот на Романија им се заблагодарил јавно за она што го направиле во главниот град, и им дозволил да се вратат на работа“.
70. Таа одлука исто така посочува дека некои од оние што биле истепани и затворени незаконски биле држени неколку дена и дека неколкумина од нив биле пуштени на 19 и 20 јуни 1990 г.
71. Другите лица кои биле приведени од полицијата биле притворени со одлука на обвинителот, за кршење на мирот; меѓу нив бил актуелниот претседател на здружението жалител, кој последователно бил ослободен од сите обвиненија против него.
72. Во одлуката од 17 јуни 2009 г. се вели дека рударите делувале во блиска соработка со безбедносните сили и по налог на државното раководство. Релевантните пасуси го велат следново:
„На 14 и 15 јуни 1990 г. рударите, во групи координирани од цивили во име на и во договор со државното раководство (în numele şi cu acordul conducerii de stat), извршиле дела во кои државните сили на прогонот целосно соработувале (deplină cooperare), а тоа не предизвикало само физички повреди на лицата кои биле фатени и проверени, туку исто така и значителна штета во просториите во Универзитетот на Букурешт, Институтот за архитектура, неколку политички партии и граѓански здруженија, и домовите на личности од т.н. „историски“ партии...
Истрагите спроведени од военото обвинители не дозволиле идентификација на лицата во цивилна облека кои се инфилтрирале меѓу групите рудари; жртвите кои биле распрашани правеле разлика меѓу рударите и другите нивни напаѓачи при што првите ги опишувале како „валкани рудари“, а вторите како „чисти рудари“.
8. Околностите специфични за здружението жалител
73. На 13 јуни 1990 година здружението жалител јавно ги осуди насилните интервенции од истиот ден.
74. Во околу 23 часот раководството на здружението одлучило како безбедносна мерка да ја помине ноќта во своето седиште. Седуммина од нив останале во текот на ноќта.
75. Во 7 часот наутро на 14 јуни 1990 г. група рудари насилно влегле во просториите на здружението откако го искршиле прозорското окно. Во првите неколку минути откако влегле не биле насилни туку доста резервирани. Наскоро потоа неидентификуван цивил, кој не бил рудар пристигнал на местото и почнал да го удира еден од членовите на здружението. Рударите го следеле неговиот пример и ги нападнале седумте членови на здружението кои биле уапсени од безбедносните сили.
76. Во текот на денот целиот имот и документи на здружението биле запленети, спротивно на сите законски формалности, под надзор на трупи од Министерството за одбрана.
77. На 22 јуни 1990 г. раководството на здружението можело да се врати во просториите на здружението во придружба на полицијата.
9. Настаните што следеле по случувањата од 13 до 15 јуни 1990г.
78. Горе цитираните одредби на обвинителството посочуваат дека наместо веднаш на се вратат во своите домови, 958 рудари останале во Букурешт, „подготвени да интервенираат доколку пак почнат протести“, очигледно со оглед на престојното заколнувањето на новоизбраниот претседател. Од 16 до 19 јуни 1990 г. овие рудари биле сместени во касарната во Букурешт, каде добиле воени униформи.
79. Одлуката од 16 септември 1998 г. посочува дека истрагата не била во можност да објасни кој ја дал наредбата за сметување и опремување на рударите туку посочува дека „таква мерка морала да биде донесе најмалку на ниво на Министерството за одбрана“.
80. Според соопштението за печатот издадено од Министерството за здравство од 15 јуни 1990 г. и вклучено и во одлуката од 17 јуни 2009 г. за време на периодот меѓу 13 јуни и 6 часот наутро на 15 јуни 1990 г., 467 лица побарале лекарска помош во болница по насилните инциденти; 112 биле задржани во болница и биле евидентирани 5 смртни случаи.
81. Според истата одлука од 17 јуни 2009 г., полицајци, рудари и подоцна воени регрути одговорни за надзор на рударите употребиле прекумерна сила против 574 демонстранти и други лица - вклучително и деца, постари и слепи лица, кои биле уапсени и задржани во касарната Магуреле. Во одлуката се вели дека лицата лишени од слобода во тие простории биле подложени на насилство и напади од „психолошка, физичка и сексуална“ природа и држени во несоодветни услови, и дека тие добиле задоцнета и неадекватна нега.
Б. Кривичната истрага
82. Насилните настани од јуни 1990 г. во текот на кои сопругот на жалителката Анка Мокану бил убиен, г-динот Марин Стоика бил наводно малтретиран, и седиштето на здружението жалител било опљачкано, довеле до отворање на истрага. На почетокот таа била поделена во неколку стотина различни случаи.
83. На 29 мај 2009 г. воениот оддел при обвинителството на Високиот суд за касација и правда испратил писмо до владиниот агент во кое тие факти биле сумирани на следниов начин: „Во периодот од 1990 до 1997 г., стотици жалби биле регистрирани на листата на обвинителството во Окружниот суд на Букурешт и окружното обвинителство во врска со делата кражба, уништување, вооружен грабеж, напад со тешки телесни повреди, незаконско лишување од слобода и други дела извршени во контекст на насилствата извршени од рударите во Букурешт на 14 и 15 јуни 1990 г. Во мнозинството од тие случаи утврдувајќи дека било невозможно да се утврдат сторителите било одлучено да не се покрене обвинение.“
84. Никаква одлука дека постапките биле прекинати не ѝ била доставена на г-ѓата Анка Мокану или на здружението жалител, кои ги споиле постапките како цивилна странка.
85. Тие случаи биле последователно споени и опсегот на истрагата бил проширен од 1997 година натаму, а на настаните им била дадена различна правна класификација која вклучувала сериозна кривична одговорност. Високи воени офицери и државни функционери успешно биле обвинети и целата истрага била префрлена на воениот оддел на обвинителството при Врховниот суд за правда (Parchetul de pe lângă Curtea Supremă de Justiţie - Secţia Parchetelor Militare) како случај бр. 160/P/1997.
86. Меѓу 22 октомври 1997 г. и 27 октомври 1999 г. 183 претходно отворените случаи биле споени во случајот бр. 160/P/1997 од кој 46 биле споени на 22 октомври 1997 г., 90 на 16 септември 1998 г. и 69 на 22 октомври 1999 г.
87. На 26 јуни 2000 г. на истиот оддел на обвинителството му биле доделени 748 случаи во врска со настаните од 13 до 15 јуни 1990 година, вклучително и незаконските лишување од слобода на 13 јуни 1990 г.
88. Во одлуката од 17 јуни 2009 г. состојбата со досието какво што било по спојувањето на сите тие случаи е опишана на следниов начин:
„Многу од документите опфатени со 250 томови на досието се фотокопии на кои нема печат или не биле заверени дека кореспондираат со оригиналот. Документите во секој од тие томови не се заведени по датум, предмет или некој друг критериум, туку се ставени без ред. Некои од нив немаат никаква врска со случајот (на пример, еден том 150 содржи документи во врска со исчезнувањата кои се случиле по јуни 1990 г.“
89. На 16 септември 1998 г. случајот бр. 160/P/1997 бил поделен на четири случаи и последователната истрага му била доделена на воениот оддел на обвинителството при Врховниот суд за правда.
90. На 8 јануари 2001 г. три од тие четири случаи биле споени. По тој датум истрагата се фокусирала на два главни случаи.
91. Првиот се однесувал на обвинението за поттикнување или учество во тешки незаконски убиства, особено тоа на Велику-Валентин Мокану. Лицата обвинети за тоа дело биле Претседателот на Романија во релевантното време и пет високи воени офицери, вклучително и министерот за внатрешни работи.
92. Одлуката за обвинение од 19 јуни 2007 г. и последователната одлука да се повлече обвинението од 19 јуни 2007 г. велат дека на наредба на тогашниот Претседател вечерта на 13 јуни и ноќта меѓу 13 и 14 јуни 1990 г. безбедносните сили и воениот персонал употребиле оружје и тешка муниција против демонстрантите, убивајќи четири лица, повредувајќи тројца и ставајќи ги во опасност животите на други лица.
93. Обвиненијата против поранешниот Претседател последователно биле одвоени од оние против другите обвинети, кои биле високи воени офицери, а одлуката да се прекинат постапките против него била објавена.
94. На 2 октомври 2013 г. оваа прва линија на истрагата сè уште не била завршена во однос на двајца од офицерите во прашање, другите тројца умреле во меѓувреме.
95. Другиот случај во врска со случаите од јуни 1990 г., кој ги истражувал, особено кривичната жалба за насилство поднесена од г-динот Марин Стоика и пљачкањето на просториите на здружението жалител, се однесувал на обвиненија за поттикнување или учество во дела на непријателска агитација (subminarea puterii de stat), саботажа (actele de diversiune), нечовечно постапување (tratamentele neomenoase), пропаганда за поттикнување војна (propaganda pentru război) и геноцид, во рамките на значењето на членот 357 (а) до (в) од Кривичниот законик.
96. Лицата обвинети за овие дела биле поранешниот Претседател, неколку високи офицери и неколку дузина цивили. Постапките биле покренати во однос на оние обвиненија против поранешниот Претседател на 9 септември 2005 г. и против поранешниот раководител на СРИ на 12 јуни 2006 г.
97. Втората линија на истрагата била затворена со одлука да не се покрене обвинение, усвоена на 17 јуни 2009 г. Таа одлука била потврдена со пресуда усвоена на 9 март 2011 од страна на Високиот суд за касација и правда по жалбата на г-динот Марин Стоика.
98. Главните фази од истрагата се опишани долу.
1. Одлуката усвоена на 16 септември 1998 г.
99. На 16 септември 1998 г. воениот оддел на обвинителството при Врховниот суд за правда издал одлука за случајот бр. 160/P/1997, по истрагата за 63 лица кои биле жртви на насилство и незаконски апсења, вклучително и г-ѓата Анка Мокану и тројца членови на здружението жалител, како и самото здружение жалител и единаесет други правни лицаа чии простории биле опљачкани за време на настаните од 13 до 15 јуни 1990 г.
100. Тројца од 63-те жртви наведени во табелата содржана во одлуката од 16 септември 1998 г. биле нападнати и лишени од нивната слобода во седиштето на државната телевизија. Во последната колона, каде е наведена фазата до која е стигната истрагата, наведено е дека „случајот не е истражен“ (cauza nu este cercetată) во однос на тие три лица.
101. Во својата одлука, воениот оддел на обвинителството посочил дека други жалби чекале пред цивилното обвинителство.
102. Се додава дека неговата одлука исто така се однесувала на „претпоставка за незаконско убиство на околу сто лица за време на настаните од 13 до 15 јуни 1990 г. [чии тела] наводно биле изгорени или закопани во заеднички гробници на гробиштата во селата во близина на Букурешт (имено Страулешти).
103. Исто така било посочено дека до тој датум истрагата не можела да ги идентификува лицата кои во пракса ја спровеле извршната одлука да се повикаат цивили за да го вратат редот во Букурешт. Според обвинителството, овој пропуст во истрагата бил заради „фактот дека ниедно од лицата кои биле на одговорни позиции во релевантното време не биле испрашани“, особено тогашниот Претседател на Романија, премиерот и неговиот заменик, министерот за одбрана, шефот на полицијата, директорот на СРИ и Министерот за одбрана.
104. Во својата одлука воениот оддел наредил случајот да се подели во четири посебни случаи.
105. Од нив првиот требал да се фокусира на континуираната истрага за незаконските убиство со огнено оружје на четири цивили, вклучително и сопругот на жалителката.
106. Вториот се фокусирал на оние лица кои вршеле функции кои биле дел од цивилната и воената команда. Властите одлучиле да одат со истрага во однос на нив, особено во однос на злоупотреба на власта, а против јавниот интерес како резултат на што имало сериозни последици, дело казниво согласно членот 248 § 2 од Кривичниот законик, како и да го истражат фактот дека една социјална група била ангажирана заедно со безбедносните сили да се бори против друга социјална група.
107. Третиот случај се однесувал на истрагите на можното постоење на други жртви кои биле убиени за време на насилните инциденти од 13-15 јуни 1990 г. (види параграф 102 горе).
108. Конечно, со оглед дека обвинението било законски ограничено, воениот оддел на обвинителството одлучило да ја прекине постапката против неидентификуваните припадници на безбедносните сили и групите на рудари во врска со прекршоците на вооружен грабеж, незаконско лишување од слобода, насилно однесување, насилна истрага, злоупотреба на власта против приватните интереси, напад, тешки телесни повреди, уништување на имот, кражба, провалување во домови, злоупотреба на службена должност и силување, извршени меѓу 13 и 15 јуни 1990 г.
109. Овој дел од одлуката од 16 септември 1998 г. бил издвоен во одлука издадена на 14 октомври 1999 г. од страна на раководителот на воениот оддел на обвинителството (Şeful Secţiei Parchetelor Militare) во Врховниот суд за правда, кој наредил постапките и истрагите наменети да ги идентификуваат сите жртви да продолжат, посочувајќи во таа смисла дека било утврдено дека бројот на жртви во голема мерка го надминал бројот на повредени лица наведени во листата на оспорената одлука.
110. Исто така, одлуката од 14 октомври 1999 г. забележува дека истражителите до тој момент не успеале да ги истражат „познатите договарања“ меѓу Министерството за внатрешни работи и лидерите на рударските компании „со став да се организира вистински апарат на незаконска репресија“, тоа договарање било утврдено според одлуката од доказите содржани во досието на случајот.
2. Последователните случувања во однос на истрагата на високи армиски функционери за учество во незаконски убиства
111. По одлуката од 16 септември 1998 г. истрагата околу незаконското убиство на г-динот Велику-Валентин Мокану продолжила во рамките на случајот бр. 74/P/1998 (види параграф 105 горе).
112. Г-ѓата Анка Мокану и двете деца што ги имала со жртвата се приклучила кон постапките како цивилни странки.
113. Двајца генерали – поранешниот министер за внатрешни и неговиот заменик и тројца високи функционери биле обвинети за незаконските убиства извршени на 13 јуни 1990 г., вклучително и дека сопругот на жалителката, за 12, 18 и 21 јануари и 23 февруари 2000 по тој редослед.
114. Сите пет биле планирани за судење врз основа на одлука за таа цел (rechizitoriu) од 18 мај 2000 г., по основ дека тие побарале – а во случајот на двајцата генерали, - наредиле - да се отвори оган со тешка муниција, акт што резултирал со смрт на четири лица и предизвикување на сериозни повреди на девет други лица.
115. Со одлука од 30 јуни 2003 г., Врховниот суд за правда го вратил случајот на воениот оддел на обвинителството при Врховниот суд за правда за дополнителна истрага за да ги поправи различните недостатоци и да ја смени класификацијата на делото како учество во тешки незаконски убиства. Тој исто така наредил да се преземат и серија на истражни мерки.
116. Г-ѓата Анка Мокану, други цивилни странки и воениот оддел на обвинителството се жалеле против одлуката во однос на законските основи. Нивните жалби биле отфрлени од Високиот суд за касација и правда (со оглед дека Врховниот суд за правда во 2003 г. бил преименуван, види параграф 14 горе) во пресудата од 16 февруари 2004 г.
117. Откако се продолжи со истрагата, постапките против петте обвинети била прекината со одлуката од 14 октомври 2005 г. Откако била отфрлена таа одлука на 10 септември 2006 г., постапките биле повторно отворени.
118. По спроведувањето на дополнителна истрага во согласност со насоките утврдени со пресудата од 30 јуни 2003 г., воениот оддел на обвинителството во Високиот суд за касација и правда поднел предлог за судење на поранешниот министер за внатрешни, неговиот заменик и двајца други високи армиски офицери за судење со одлука од 27 јули 2007 г. Постапката била прекината против петтиот офицер кој во меѓувреме починал.
Според одлуката за судењето „отсуството на одговор од јавните власти“ и отсуството на итна делотворна истрага „претставувале закана по самото постоење на демократијата и владеењето на правото“.
119. Со пресудата од 17 декември 2007 г. Високиот суд за касација и правда наредила случајот да биде вратен на воениот оддел на обвинителството за повреда на процедуралните правила, пред сè по основ дека кривични постапки против поранешен министер можеле да бидат покренати само со посебна постапка која барала претходно одобрение од Парламентот.
120. На 15 април 2008 г. воениот оддел на обвинителството при Високиот суд за касација и правда поднело жалба во однос на правните поенти од одлуката, но истата била отфрлена на 23 јуни 2008 г.
121. На 30 април 2009 г. воениот оддел на обвинителството при Високиот суд за касација и правда се изјаснил дека немал јурисдикција да го разгледува овој дел од случајот, главно затоа што членови на полициските сили, вклучително и министерот за внатрешни – станале државни службеници по законските измени и дополнувања, со што воените судови и обвинителства повеќе немале јурисдикција за нивните кривични дела, дури и ако истите биле извршени додека сè уште биле воени офицери. Затоа се одрекле од јурисдикцијата во корист на еден од обичните кривични оддели на истото обвинителство, имено Одделот за кривични постапки и криминалистика (Secţia de urmărire penală şi criminalistică).
122. Со одлука од 6 јуни 2013 г. тој оддел ја прекинал постапката против поранешниот министер и неговиот заменик, кои починале на 2 ноември 2010 г. и 4 февруари 2013 г.
123. Со истата одлука истиот Оддел на обвинителството прогласил дека немал јурисдикција во однос на последните двајца живи обвинети, полковниците Ц.В. и Ц.Д. и упатил на нивните случаи во военото обвинителство при регионалниот воен суд за Букурешт.
124. Оваа истрага на 2 октомври 2013 г. сè уште не била завршена од страна на тоа обвинителство.
3. Обвиненија против поранешниот претседател на Републиката во врска со смртта на сопругот на г-ѓата Анка Мокани
125. Овој дел од истрагата се однесувал на обвиненијата биле против поранешниот претседател на романската Република што се однесува до жртвите кои биле убиени или повредени од истрели на огнено оружје испукани од армијата на 13 јуни 1990 г.
126. Поранешниот Претседател на Романија кој бил на власт од 1989 до 1996 и од 2000 до 2004 бил обвинет на 19 јуни 2007 г. на кој датум тој вршел функција на сенатор и бил член на парламентот. Тој бил обвинет за „намерно поттикнување на војниците да употребат сила против демонстрантите на Универзитетскиот плоштад и во други делови од главниот град, акт што резултирал со смрт или повреда од огнено оружје на неколку лица“. Овие факти се карактеризирале како учество lato sensu во тешко незаконско убиство, кривично дело казниво согласно членовите 174, 175 (д) и 176 (б) од Кривичниот законик разгледани заедно со членот 31 § 2 од Законикот.
127. На 19 јули 2007 г. тие обвиненија биле исклучени од случајот бр. 74/P/1998. Истрагата продолжила за случајот бр. 107/P/2007.
128. Во меѓувреме на 20 јуни 2007 г. Уставниот суд кој одлучувал во случај кој не бил поврзан со овој, усвоил пресуда според која воените судови немале јурисдикција да судат или да гонат обвинети цивили. Како последица, со одлуката од 20 јули 2007 г. воениот оддел на обвинителството одлучил дека немал јурисдикција да го испита случајот 107/P/2007 и се одрекол од јурисдикцијата во корист на еден од обичните кривични оддели.
129. На 7 декември 2007 г. Вишиот обвинител на Романија го повлекол, заради процедурални грешки, обвинението од 19 јуни 2007 г., и наредил да се продолжи со истрагата.
130. Со одлука од 10 октомври 2008 г. Одделот за кривични постапки и криминалистика на обвинителството при Високиот суд за касација и правда донел одлука да не поднесе обвинение, на основ дека немало последична поврзаност меѓу наредбата за евакуирање на Универзитетскиот плоштад издадена од страна на поранешниот претседател и одлуката усвоена од тројца офицери, со договор на нивните надредени – генералот А. и генералот Ц. (министер за внатрешни) – да наредат да се отвори оган на демонстрантите.
Со оваа одлука, обвинителството сметало дека целите на акцискиот план изготвен на 12 јуни 1990 г. биле исполнети до 9 часот наутро следното утро, и дека настаните што следеле, вклучително и последователните наредби да се отвори оган, немале ништо заедничко со тој план и не можеле да бидат предвидени од оние кои го подготвиле.
131. На 3 ноември 2008 г. г-ѓата Анка Мокану и другите повредени лица ја оспориле оваа одлука да не покрене обвинение.
132. На 18 декември 2009 г. судски совет од три судии при Високиот суд за касација и правда ги отфрлил нивните жалби како недопуштени, застарени или неосновани во зависност од случајот. Тој заклучил дека немало никаква причинска поврзаност меѓу дејствијата на поранешниот претседател и непредвидливите последици од демонстрациите кои резултирале со смртта на неколку лица. Исто така забележал дека тројца од повредените лица – вдовици или роднини на жртвите кои починале на 13 и 14 јуни 1990 г. – вклучително и г-ѓата Анка Мокану изјавиле на расправата на 11 декември 2009 г. дека немале намера да ја оспорат одлуката да не се покрене обвинение против поранешниот претседател и дека сакале само да бидат идентификувани оние што биле одговорни за незаконските убиства и тие да одговараат за истите. По жалбата во однос на правните поенти на цивилните странки, таа одлука била потврдена од судски совет од девет судии на Вишиот суд во пресуда од 25 октомври 2010 г.
4, Истражни мерки во врска со околностите на смртта на г-динот Велику-Валентин Мокану
133. Според извештајот од аутопсијата на судска медицина извршена на сопругот на г-ѓата Анка Мокану, тој починал од прострелна рана нанесена од трето лице.
134. Жалителката своето прво посебно барање за спојување на постапките како цивилна странка го поднела на 11 декември 2000 г. На истиот датум жалителката и другите цивилни странки – роднини на другите три лица кои биле убиени за време на настаните на 13 и 14 јуни 1990 г. – поднеле заеднички барања во кои биле содржани нивните забелешки во врска со идентитетот на лицата одговорни за смртта на нивните роднини и нивните побарувања за надоместок.
135. На 14 февруари 2007 г. жалителката била распрашана за првпат од обвинителството за потребите на истрагата. Со помош на адвокат по нејзин избор, таа изјавила дека нејзиниот сопруг не се вратил вечерта на 13 јуни 1990 г., поради што таа се загрижила, дека го барала следниот ден безуспешно, и дека последователно дознала од печатот дека бил убиен со истрел во главата. Никаков истражител или официјален претставник не ја посетил ниту пак била службено повикана за потребите на истрагата; само неколку новинари дошле да ја посетат. Таа изјавила дека, на дваесетгодишна возраст и без вработување во тоа време, по смртта на нејзиниот сопруг таа морала сама да ги подигне нивните две деца, двомесечна ќерка (родена во април 1990 г.) и двогодишен син.
136. Документите содржани во досието поднесено до Судот не укажувале на тоа дали г-ѓата Анка Мокану била информирана за одвивањето на истрагата во врска со тешкото незаконско убиство на нејзиниот сопруг по пресудата на Високиот суд за касација и правда од 17 декември 2007 г. со која било наредено случајот да биде вратен во обвинителството.
5. Последователните случувања во однос на истрагата по обвиненијата за нечовечно постапување
137. Меѓу 26 ноември 1997 г. и 12 јуни 2006 г. биле покренати кривични постапки против 37 лица – 28 цивили и 9 воени лица – главно за непријателска агитација во текот на настаните во јуни 1990 г. Поранешниот претседател на Романија бил меѓу обвинетите. Бил обвинет на 9 јуни 2005 г. за учество во геноцид (член 357, параграфи (а), (б) и (в) од Кривичниот законик), пропаганда во корист на војна, (член 356), нечовечно постапување (член 358), непријателска агитација (член 162) и саботажа (член 163).
Мнозинството од 28-те обвинети цивили биле директори на рударски претпријатија, раководители на рударски синдикати и високи државни службеници при Министерството за рудници.
138. На 16 септември 1998 г. овој дел од истрагата го добил бројот 75/P/1998 (види параграф 106 горе).
139. На 19 декември 2007 г. воениот оддел на обвинителството при Високиот суд за касација и правда наредил случајот бр. 75/P/1998 да биде поделен на два дела, еден во врска со кривичните обвиненија против 28-те цивили, вклучително и поранешниот претседател на Романија и поранешниот шеф на СРИ и другите во врска со обвиненијата против девет воени лица. Истрагата во врска со 28-те цивили требала да се води пред релевантниот цивилен оддел на истото обвинителство.
140. Со одлуката од 27 февруари 2008 г. главниот обвинител во воениот оддел на обвинителството ја укинал одлуката од 19 декември 2007 г., утврдувајќи дека со оглед на тесната поврзаност меѓу настаните, едно обвинителство, имено релевантниот цивилен оддел, требало да го испита целиот случај во однос на сите обвинети, како цивили така и воени лица.
141. Во врска со оваа одлука на 29 април 2008 г. воениот оддел на обвинителството на Високиот суд за касација и правда исто така се откажал од јурисдикцијата во корист на релевантниот цивилен оддел да ги испита кривичните обвиненија против девет воени лица – вклучително неколку генерали, поранешен шеф на полицијата и поранешниот министер за внатрешни работи.
142. Одлуката од 29 април 2008 г. содржела листа од повеќе од илјада жртви кои биле задржани и подложени на малтретирање, имено во просториите на Офицерската школа Банеаса и воената единица на Магуреле. Г-динот Марин Стоика бил вклучен во оваа листа на жртви. Одлуката исто така содржела листа на правни лица кои претрпеле штета за време на острите мерки кои биле преземени од 13 до 15 јуни 1990 г. вклучително и здружението жалител.
143. Таа одлука исто така се однесувала на „идентификувањето на приближно 100 лица кои умреле за време на настаните на 13‑15 јуни 1990 г.“
144. Исто така содржела и листа на државни компании кои обезбедиле работници за интервенцијата во Букурешт. Таа листа вклучувала пред сè 20 рударски претпријатија од цела земја и фабрики од 11 града (Калараши, Александриа, Алба-Јулиа, Крајова, Констанца, Дева, Ѓурѓу, Галаци, Брашов, Слатина и Бузау), и три фабрики од Букурешт.
145. По таа одлука на 5 мај 2008 г. воениот оддел на обвинителството испратил 209 тома со вкупно околу 50.000 страници на случајот 75/P/1998 до релевантниот цивилен оддел на обвинителството.
146. На 26 мај 2008 г. одделот на обвинителството при Високиот суд за касација и правда кој го добил целото досие, имено Одделот за кривична постапка и криминалистика изјавил дека тие немале јурисдикција и се откажале од јурисдикцијата во корист на друг оддел од истото обвинителство, имено Управата за истрага на организиран криминал и тероризам (Direcţia de Investigare a Infracţiunilor de Criminalitate Organizată şi Terorism – DIICOT).
147. Со одлука од 10 март 2009 г. релевантната управа на обвинителството при Високиот суд за касација и правда, имено ДИИЦОТ, одлучил дела нема да се покрене никакво обвинение против поранешниот шеф на СРИ за непријателска агитација, со оглед дека тоа дело станало ограничено со време и дека немало да се покренат обвиненија против мнозинството од 27-те обвинети цивили – директори на рударски претпријатија, раководствата на рударските синдикати, високи државни службеници од Министерството за рудници и од локалните самоуправи – врз основа дека не биле исполнети составните делови на делото.
148.Со таа одлука, обвинителството сметало дека во нивното ценето својство на шеф на државата, министер за внатрешни, заменик министер или шеф на полицијата, некои од обвинетите вршеле државна должност, и ќе било нелогично да се мисли дека можеле да бидат обвинети за дела кои можеле да ја намалат нивната сопствена моќ. Што се однесува до рударите и другите работници кои патувале за Букурешт на 14 јуни 1990 г., обвинителството сметало дека „самите им се пријавиле на безбедносните служби“ и биле убедени дека нивните дејствија биле во служба на државната власт. Исто забележал дека нивната интервенција била беспредметна, бидејќи операцијата спроведена од падобранците во зградата на телевизијата обезбедила враќање на редот во главниот град во околу 1 часот наутро на 14 јуни 1990 г.
149. Обвинителството исто така ја прекинало постапката и против тројца од обвинетите кои во меѓувреме починале.
150. Конечно ДИИЦОТ одлучил да се откаже од јурисдикцијата во корист на Одделот за кривични постапки и криминалистика во однос на остатокот од случајот, имено обвиненијата за нечовечно постапување, пропаганда во корист на војна и геноцид во рамките на значењето на членот 357 (а) до (в) од Кривичниот законик. Овие факти се однесувале само на лицата кои биле обвинети за време на периодот меѓу 2000-2006, вклучително и поранешниот претседател.
151. На 17 јуни 2009 г. било одлучено да не се поведе обвинение во однос на тие обвиненија; нејзината содржина е дадена долу.
6. Одлуката од 17 јуни 2009 г. да не се покрене обвинение
152. На 17 јуни 2009 г. обвинителството при Високиот суд за касација и правда донесе одлука да не поднесе обвинение во случајот во врска со суштинските обвиненија за нечовечно постапување кои произлегле од 856 жалби на лица повредени како резултат на насилството што се случило од 13 до 15 јуни 1990 г.
153. Одлуката во прашање посочила дека поранешниот шеф на државата не бил испитан како обвинет во текот на истрагата.
154. Бил даден сеопфатен опис на насилството – класификација на екстремна немилосрдност - нанесена на неколку стотици лица.
155. Било посочено дека истрагите спроведени во текот на приближно деветнаесет години од страна на обвинителствата и последователно од страна на воените обвинителства не овозможиле да се утврди идентитетот на сторителите или степенот на инволвираност на безбедносните сили. Релевантниот пасус од одлуката го вели следново:
„Истрагите спроведена во период од околу деветнаесет години од страна на обвинителствата и последователно од страна на воените обвинителства, наодите кои се содржани во досието на случајот ... не овозможија да се утврди идентитетот на рударите кои го спровеле нападот, степенот на инволвираност на безбедносните сили и на припадниците и симпатизерите на ФСН во нивните дејствија и нивната улога и степен на инволвираност во дејствијата на насилство извршени врз жителите на главниот град на 14 и 15 јуни 1990 г.“
156. Оваа одлука нареди постапките да биде прекината против еден од обвинетите кој починал во меѓувреме, и дека немало да се покрене обвинение (scoatere de sub urmărire penală) во однос на осумте преостанати обвинети за оние кривични дела кои станале законски ограничени, особено штитење на криминалец.
157. Што се однесува до делата кои не биле временски лимитирани особено оние за нечовечно постапување, во одлуката се вели дека немало случај на кој требало да се одговори, со оглед дека составните елементи на делата не биле исполнети или бидејќи реалноста на настаните за кои се жалеле не биле докажани.
158. Во врска со ова било посочено дека тогашниот шеф на државата не можел да се критикува за некакво учество во заедничкото делување на рударите и вооружените сили, бидејќи тој чисто ги одобрил активностите кои се случиле утрото на 13 јуни 1990 г. и интервенцијата на армијата попладнето на истиот датум, за изнесената цел за воспоставување на редот. Исто така беше споменато дека немало никакви информации (date certe) да се поткрепат обвиненијата против него што се однесува до подготовките за пристигнувањето на рударите во Букурешт и упатствата што им биле дадени. Беше забележано дека неговото барање до рударите да ги заштитат државните институции и повторно да воспостават ред - после што 1,021 лица биле лишени од нивната слобода и подложени на физички напад – можат да се класификуваат како поттикнување на извршување на напад и дека кривичната одговорност во однос на тоа била временски ограничена.
159. Обвинителството сметало дека демонстрантите и други личности ги имале за цел рударите кои им припаѓале на различни етнички групи (Романци, Роми, Унгарци) и социјални категории (интелектуалци, студенти, ученици, но исто така и работници), и дека затоа тие не може да се сметаат за една група или заедница која може да се идентификува по објективни географски, историски, социјални или други основи и од тие причини настаните на кои се жалеле не можеле да се класифицираат за геноцид. Потпирајќи се на судската пракса на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, обвинителството исто така сметало дека лицата лишено од слобода не биле систематски подложени на малтретирање.
160. Одлуката понатаму посочувала дека говорот со кој шефот на државата ги охрабрил рударите да го освојат и одбранат Универзитетскиот плоштад против демонстрантите кои кампувале надвор не можеле да се сметаат за пропаганда во корист на војна со оглед дека обвинетите не барале започнување на некаков конфликт туку напротив побарале од рударите да „престанат со екцесите и крвопролевањето“.
161. Исто така беше посочено дека рударите биле мотивирани од симплистички лични убедувања, развиени врз основа на колективна хистерија, која ги навела да делуваат како арбитри на политичката ситуација и како ревносни заштитници на политичкиот режим – чии лидери ги препознале како такви – овластени да ги корегираат оние кои се спротивставувале на легитимноста. Обвинителот понатаму забележал дека законското барање дека за да е казниво нечовечното постапување морало за цел да има „поединци кои паднале во рацете на непријателот“ и сметале дека овој критериум не бил исполнет овде, со оглед дека рударите повеќе немале никаков непријател притив кој можеле да се борат на 14 јуни 1990 г.
162. Што се однесува до обвиненијата за мачење, обвинителот сметал дека романското право не содржело одредби против мачење во материјалното време.
163. Одлуката од 17 јуни 2009 г. го анализира секое од обвиненијата во однос на секој обвинет, но не упатува на ниедна од жртвите по име и не споменува поединечни акти на насилство на кои се жали секој од нив, упатувајќи на додатокот кој не бил поднесен до Судот. Го споменува бројот на жртви и нивното членство од ваква или таква категорија, забележувајќи, на пример, 425 лица кои биле уапсени и чувани во просториите на Офицерската школа Банеаса или 574 демонстранти кои биле уапсени и затворени во просториите на касарната Магуреле.
7. Жалби поднесени против одлуката да не се покрене обвинение од 17 јуни 2009 г.
164. Здружението жалител, други правни тела и поединци поднеле жалба против одлуката да не се покрене обвинение од 17 јуни 2009 г., која била отфрлена на 3 септември 2009 г. од страна на главниот обвинител на релевантниот дел на обвинителството при Високиот суд за касација и правдата. Со таа пресуда, обвинителството сметало дека никакви дејствија кои можеле да се класификуваат како кривично дело против човештвото, како што е нечовечно постапување или геноцид, не биле извршени.
165. Г-динот Марин Стоика и четворица други повредени лица поднеле жалба против истата одлука. Истата била отфрлена на 6 ноември 2009 г. Г-динот Марин Стоика поднел жалба за правните поенти пред Високиот суд за касација и правда.
166. На 9 март 2011 г. откако го отфрлил барањето res judicata покренато од поранешниот шеф на државата, Високиот суд за касација и правда одлучиле за основаноста на одлуката да не покрене обвинение и ја отфрлил жалбата на жалителот.
167. Во својата пресуда, го класификувал нападот против жалителот како тешки телесни повреди (членот 182 од Кривичниот законик), незаконско апсење (членот 267), мачење, неправична репресија и уцена. Тој сметал дека одлуката од 17 јуни 2009 г. била правилна кога одлучил да не се поднесе обвинение по основ дека прекршоците во прашање станале временски ограничени и дека мачењето не било кривично дело во материјалното време.
168. Спротивно на тоа, не одлучил за криминализацијата на нечовечното постапување (членот 358 од Кривичниот законик), што било предмет на одлуката од 29 април 2008 г., во која жалителот бил именуван како жртва за нечовечно постапување припишано на пет генерали.
8. Резиме и појаснувања во врска со истражните мерки
169. Според Владата, главните истражни мерки спроведени во периодот меѓу 1990 и 2009 година биле следниве: повеќе од 840 интервјуа со повредени лица; сослушување на сведоци за повеќе од 5.724 околности; повеќе од 100 извештаи на судска медицина. Резултатите од овие мерки биле изнесени на илјадници страници документи.
(а) Истражни мерки конкретно во врска со г-динот Стоика
170. На 18 јуни 2001 г. кога бил примен од обвинител при воениот оддел на обвинителството при Врховниот суд за правда, г-динот Марин Стоика поднел официјална жалба во врска со насилство на кое тврдел дека бил жртва ноќта меѓу 13 и 14 јуни 1990 г.
171. Неговата жалба била припоена кон истрагата која веќе била отворена во однос на другите обвиненија, особено за нечовечно постапување (досие за случајот бр. 75/P/1998).
172. На 18 октомври 2002 г. за потребите на истрагата на наводниот напад против него, жалителот бил подложен на проверка од страна на државниот институт за судска медицина, кој го изработил извештајот на судска медицина. Тој извештај посочил дека повредите опишани во медицинското досие отворено од ургентното одделение на 14 јуни 1990 г. барале три од пет дена лекарскиот третман и не биле такви што можеле да го загрозат животот на жалителот.
173. Исто така беше посочено дека жалителот бил хоспитализиран заради тешки епилептични напади од 31 октомври до 28 ноември 1990 г., во февруари 1997 г., март 2002 г. и август 2002 г., и дека бил дијагностициран дека страда од пост-трауматска секундарна епилепсија и други церебрални и васкуларни нарушувања (минливи исхемични напади, ТИА). Експертскиот извештај забележал дека пост-трауматската епилепсија се појавила после повреда здобиена во 1966 г.
174. На 9 и 17 мај 2005 г. жалителот бил распрашан и можел да го изнесе своето гледање на настаните на кои се жалел и да ги поднесе своите барања за надоместок во однос на наводната материјална и нематеријална штета.
175. Со писмо од 23 мај 2005 г. тој бил информиран од воениот оддел на обвинителството при Високиот суд за касација и правда дека неговата жалба во врска со повредите нанесени на 13 јуни 1990 г. од страна на неидентификуван војник, како резултат на што бил хоспитализиран „во кома“, била испитана во контекст на случајот бр. 75/P/1998.
176. Потврда издадена на 26 април 2006 г. укажува дека според евиденцијата во регистарот воден од воениот оддел на обвинителството при Високиот суд за касација и правда, жалителот бил примен од обвинител во 2002, 2003, 2004, 2005 и 2006 година, главно за потребите на истрагата или за да се распраша за напредокот во истрагата. Жалителот поднел две дополнителни жалби, на 12 септември и 4 октомври 2006 г. во таа смисла.
177. На 23 април 2007 г. обвинителот распрашал двајца сведоци посочени од жалителот.
178. Кога бил распрашан на 9 мај 2007 г. како повредено лице, жалителот побарал од воениот обвинител на побара втор извештај на судска медицина, со оглед дека сметал дека извештајот од 2002 г. во целост не успеал да ја нагласи сериозноста на повредите здобиени во 1990 г. и континуираните последици после тие повреди.
179. Обвинителот наредил нов извештај. Меѓу другите работи, тој побарал експерти по судска медицина да проверат дали постоела причинска врска меѓу повредата здобиена од страна на жалителот во јуни 1990 г. и здравствените состојби од кои страдал на датумот на кој бил побаран извештајот.
180.За време на неговото испрашување, жалителот бил поканет да погледне видео снимка од настаните од 13 јуни 1990 г., вклучително и оние во зградата на националната телевизија. Тој се препознал себеси и побарал таа видео снимка да биде додадена на досието од истрагата.
181. На 25 јуни 2007 г. новиот медицински извештај бил додаден кон досието на случајот. Тој посочил, повторно врз основа на здравствената евиденција изготвена на 14 јуни 1990 г., дека повредите на жалителот барале три до пет дена лекарски третман и дека биле опасни по живот. Тој посочил дека немало причинска врска меѓу повредите здобиени во текот на ноќта меѓу 13-14 јуни 1990 г. и здравствените проблеми на жалителот кои последователно барале повеќе пати да биде хоспитализиран.
182. На 30 октомври 2007 г. на барање на жалителот, документацијата од лекарското набљудување на неговата состојба подготвени од страна на ургентниот оддел на Болницата на Букурешт во 1992 г. била додадена кон досието.
183. Медицинскиот одбор при Националниот социјален безбедносен фонд претходно му издал на жалителот потврда, со датум од 24 мај 2007 г., во која било внесено дека тој страдал од „општа нагласена попреченост“ како резултат на што не бил способен за работа. Релевантните пасуси на оваа потврда го велат следново:
„Врз основа на медицинската евиденција од досието на пациентот, документите кои биле додадени неодамна ... и клиничките психијатриски испитувања спроведени на 24 мај 2007 г., специјалистичкиот комитет и повисокиот комитет дојдоа до следнава клиничка дијагноза: мешани нарушувања на личноста, отежнати од органски причини. Акутна трауматска повреда на мозокот 1990 (напад). Епилепсија со делумни генерализирани секундарни кризи, потврдени клинички и со ЕЕГ, во моментов редок ... суправентрикуларни инциденти во својата медицинска историја (нередовен срцев ритам) (треперење) и атриовентрикуларен блок..., со поврат на синусен ритам ... после кардиоверзија.
Функционална дијагноза: општа нагласена попреченост.
Способност за работа: целосно изгубена, втор степен на инвалидитет.
Неспособност за прилагодување: 72%“
184. Во меѓувреме, на 10 мај 2004 г. обвинителството во Окружниот суд на Букурешт издал одлука да не покрене обвинение во друг случај, после жалбата за обид за убиство поднесена од жалителот врз основа на истите факти.
(б) Појаснувања во врска со проверката на кривичната жалба со барање да се придружи на постапките како цивилно лице, поднесена од здружението жалител
185. На 9 јули 1990 г. воениот оддел на Букурешт бр. 02515 му испратил на здружението жалител писмо информирајќи го дека „бил изготвен инвентар на предмети кои биле најдени на 14 јуни 1990 г. [во седиштето на здружението] од страна на претставниците на Обвинителството (Procuratura Generală) и сместени, со службен извештај, во седиштето на Обвинителството на Букурешт (Procuratura Municipiului Bucureşti)“.
186. На 22 јули 1990 г. двајца полицајци биле во седиштето на здружението жалител. Тие забележале дека прозорците биле искршени, а бравите уништени и дека работите во седиштето биле „испретурани“. Тие изготвиле извештај во присуство на раководството на здружението и сведок.
187. На 26 јули 1990 г. здружението жалител поднело кривична жалба до Обвинителството на Букурешт, жалејќи се на испретурање на седиштето и напади претрпени од страна на некои од нивните членови на 14 јуни 1990 г. и побарале надоместок за сите материјали и документи што им биле конфискувани. Тие барале дозвола да се приклучат кон кривичните постапки како цивилна странка.
188. На 22 октомври 1997 г. Генералниот инспекторат на полицијата му испратил на обвинителството при Врховниот суд за правда дваесет и еден случај кои биле отворени по кривичните жалби од неколку поединци и правни тела во врска со настаните од 13 и 14 јуни 1990 г. Тие досиеја го вклучувале и досието бр. 1476/P/1990 кое се однесувало на жалбата на здружението жалител во врска со малтретирање на неколкумина од неговите членови. Генералниот инспекторат на полицијата го повикал обвинителството да го информира за чекорите што требале да се преземат во однос на спроведувањето на интервјуа за потребите на истрагата.
189. Здружението жалител било во контакт со обвинителството при Врховниот суд за правда, подоцна Високиот суд за касација и правда, редовно за информации во врска со напредокот на истрагата или да побара дополнителни истражни мерки, додека истрагата не била затворена со одлука од 17 јуни 2009 г. да не се покрене обвинение.
...
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОВИТЕ 2 И 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
199. Г-ѓата Анка Мокану и г-динот Марин Стоика тврдеа дека тужената држава не ги исполнила своите обврски согласно процедуралниот аспект на членовите 2 и 3 од Конвенцијата. Тие тврдеа дека тие одредби барале државата да спроведе делотворна, непристрасна и темелна истрага која може да доведе до идентификација и казна на оние што биле одговорни за вооружената репресија на демонстрациите од 13 и 14 јуни 1990 г. во текот на што г-динот Велику-Валентин Мокану, сопругот на првата жалителка бил убиен од огнено оружје, а вториот жалител бил подложен на малтретирање.
Релевантните делови на членот 2 предвидуваат:
Член 2
„1. Правото на живот на секој човек е заштитено со закон. Никој не може намерно да биде лишен од живот...“
Членот 3 уредува:
Член 3
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“
А. Јурисдикцијата на Судот ratione temporis
200. Судот забележува дека тужената Влада не поднесе молба до Големиот судски совет за тоа дека Судот немал јурисдикција ratione temporis. Меѓутоа, тие се изјасниле дека Судот можел да ги испита жалбите изнесени пред него само ако се однесуваат на периодот после 20 јуни 1994 г., датумот на кој Конвенцијата стапила на сила во однос на Романија.
201. Судот повторува дека мора да се задоволи самиот себе дека има јурисдикција во секој случај изнесен пред него и затоа е обврзан да го испита прашањето на неговата јурисдикција во секоја фаза од постапките кога не е поднесен никаков приговор во таа насока (види Blečić v. Croatia [GC], no. 59532/00, § 67, ECHR 2006‑III).
1. Пресудата на Судскиот совет
202. Судскиот совет одлучи дека процедуралната обврска да спроведе ефективна истрага која произлегува од членовите 2 и 3 од Конвенцијата еволуирала во посебна и автономна обврска која може да се смета за способна да ја обврзе државата, дури и кога прекршувањето на правото на живот или личен интегритет настанале пред Конвенцијата да стапи на сила во однос на дадената држава. Во однос на таа одлука, тој ги повтори принципите прикажани во пресудата Шилих против Словенија (Šilih v. Slovenia judgment ([GC], no. 71463/01, §§ 159-163, 9 April 2009)) и последователно применети во случаите изнесени против Романија во кои настаните од декември 1989 г. биле во прашање (види Agache and Others v. Romania, no. 2712/02, §§ 70-73, 20 October 2009; Şandru and Others v. Romania, no. 22465/03, § 59, 8 December 2009; и Association “21 December 1989” and Others v. Romania, nos. 33810/07 and 18817/08, §§ 114-118, 24 May 2011).
203. Исто така сметаше дека за да се примени оваа процедурална обврска, мора да се утврди дека значителен сооднос на процедурални чекори биле или требале да бидат спроведени следејќи ја ратификацијата на Конвенцијата од страна на засегнатата земја. Применувајќи ги тие принципи во овој случај, Судот забележа дека кривичните постапки во врска со насилното растурање на демонстрациите во јуни 1990 г. биле спроведени во 1990 г., потоа продолжиле после 20 јуни 1994 г. и дека значителен дел од процедуралните мерки биле спроведени после тој датум.
204. Затоа Судскиот совет прогласил дека имал јурисдикција ratione temporis да ги провери тврдењата за процедурална повреда на членовите 2 и 3 од Конвенцијата, отфрлајќи го приговорот кој бил поднесен од страна на Владата во врска со ова, а во однос на самата жалба на г-динот Стоика.
2. Оценка на Судот
205. Во Јановиец и други против Русија (Janowiec and Others v. Russia ([GC], nos. 55508/07 and 29520/09, §§ 128-151, 21 October 2013)), Судот обезбедил дополнително појаснување за временските ограничувања на својата јурисдикција – претходно дефинирана во пресудата во случајот Шилих (цитиран горе, §§ 162-163) – што се однесува до процедуралната обврска да се истражи смртта или малтретирањата кои се случиле пред стапувањето на сила на Конвенцијата во однос на тужената држава („критичниот датум“).
206. Тој во суштина утврдил дека оваа привремена јурисдикција била строго ограничена на процедуралните дејствија кои биле или требале да бидат спроведени после стапувањето на сила на Конвенцијата во тужената држава, и дека била подложена на постоењето на вистинска врска меѓу настанот за кој била покрената процедуралната обврска согласно членовите 2 и 3 и стапувањето на сила на Конвенцијата. Тој додаде дека таквата врска првично била дефинирана од страна на временската близина меѓу настаните што ги поттикнале и критичниот датум, што можеле да бидат разделени само од разумно кратко време кое вообичаено не требало да надмине десет години (види Јановиец и други, цитиран горе, § 146); истовремено Судот посочил дека овој временски период сам по себе не бил одлучувачки. Во однос на ова било посочено дека оваа врска можела да биде воспоставена само доколку голем дел од истрагата – односно преземањето на процедурални чекори од големи размери за да се утврди причината за смртта, а одговорните за тоа да платат – се случил или требал да се случи во периодот што следел по стапувањето на сила на Конвенцијата (види Јановиец и други, цитиран горе, § 147).
207. Во овој случај, Судот повторува дека жалбите во однос на процедуралниот аспект на членовите 2 и 3 од Конвенцијата се однесуваат на истрагата на вооружената репресија спроведена на 13 и 14 јуни 1990 г. против анти-владините демонстрации, и дека оваа репресија го чинела животот на сопругот на првата жалителка и го попречил физичкиот интегритет на вториот жалител. Таа истрага започнала во 1990 г., набрзо после тие настани, како резултат на што, меѓу другото биле покренати истражни мерки чија првична цел била да се идентификуваат жртвите кои биле убиени од истрели од огнено оружје, вклучително сопругот на жалителката.
208. Оттука треба да се забележи дека четири години поминале од настанот и стапувањето на сила на Конвенцијата во однос на Романија, на 20 јуни 1994 г. Изминатото време е релативно кратко. Тоа е помалку од десет години и помалку од временските периоди во прашање во слични случаите разгледани од Судот (види Şandru and Others, цитиран овде, §§ 55-59; Paçacı and Others v. Turkey, no. 3064/07, §§ 63-66, 8 November 2011; и Jularić v. Croatia, no. 20106/06, §§ 45-51, 20 January 2011).
209. Пред критичниот датум неколку процедурални дејствија биле спроведени во контекст на истрагата. После тој датум и особено од 1997 г. натаму, истрагата добила форма преку спојување на десетици случаи кои претходно биле распрснати и поднесување на обвиненија против високи воени и цивилни личности. Подеднакво, одлуките на обвинетите да усвојат судски одлуки во врска со овој случај биле усвоени по критичниот датум (види ја меѓу другото одлуката за судење од 18 мај 2000 г., пресудата на Врховниот суд за правда од 30 јуни 2003 г., одлуката за судење од 27 јули 2007 г. и пресудите на Високиот суд за касација и правда од 17 декември 2007 г. и 9 март 2011 г.).
210. Со други зборови, повеќето процедури и повеќето важни процедурални мерки биле спроведени после критичниот датум.
211. Последователно, Судот утврди дека има јурисдикција ratione temporis да ги испита жалбите поднесени од г-ѓата Анка Мокану и г-динот Марин Стоика во однос на процедуралниот аспект на членовите 2 и 3 од Конвенцијата што се однесува до тоа колку тие жалби се поврзани со истрагата спроведена во актуелниот случај по стапувањето во сила на Конвенцијата во однос на Романија.
...
В. Тврдењата дека жалбата на г-динот Стоика не била поднесена на време
237. Без експлицитно да го повтори прелиминарниот приговор што го покренале пред судскиот совет, Владата тврдеше во однос на жалбата поднесена согласно членот 3 од страна г-динот Марин, Стоика, дека тој требал да покаже ревност, најпрво со поднесувањето на својата кривична жалба пред домашните власти и второ со изнесување на својата жалба пред Судот.
1. Пресудата на Судскиот совет
238. Судскиот совет сметаше дека овој втор приговор – тврдејќи дека г-динот Стоика ја поднел својата кривична жалба до релевантните власти ненавремено – требал да се приклучи за проверка на основаноста на жалбата во која се тврди дека имало повреда на процедуралниот аспект на член 3 од Конвенцијата, и жалбата ја прогласи за допуштена.
2. Изјаснување на Владата
239. Владата посочи дека кривичната истрага за насилните дејствија исвршени на 13 и 14 јуни 1990 била отворена во 1990 и забележа дека иако оваа истрага била отворена и потешкотиите на кои наишле властите околу идентификувањето на сите жртви, жалителот не се приклучил кон постапките до 2001 г.
240. Во врска со ова Владата сметаше дека не било прифатливо за наводна жртва да има корист од чекорите преземени од други лица за започнување на истрага без да се стави под знак прашање основниот принцип на механизмот на Конвенцијата, имено исцрпувањето на домашните правни лекови фокусирани на индивидуалната димензија на правото на жалба.
241. Упатувајќи на случаите на Тоадер и Михаела Тома против Романија (Toader and Mihaela Toma v. Romania (no. 34403/05, (dec.), 18 September 2012)) и Петјо Попов против Бугарија (Petyo Popov v. Bulgaria (no. 75022/01, 22 January 2009)), Владата посочи дека Судот го критикувал однесувањето на жалителите кои не успеале да ги поднесат своите жалби во врска со повредите на членот 3 од Конвенцијата пред домашните обвинителски органи во соодветна форма.
242. Што се однесува до обидот на жалителот да ја оправда својата пасивност со наводната ранливост која го спречила да им се приклучи на истражните постапки, Владата забележала дека за насилството на кои жалителот тврдел дека бил подложен во јуни 1990 г. му требале само три до пет дена медицинска нега, дека не бил хоспитализиран долго и дека не поднел лекарска потврда како доказ за физички или психолошки пречки причински поврзани со настаните на кои се жалел.
243. Владата додаде дека после 1990 г. социјалната и политичката клима била наклонета на жртвите и дека стравот на кој упатил жалителот бил соодветно на тоа неоснован. Во врска со ова тие се изјасниле дека Судот ја зел во предвид ранливоста на жртвите само во крајно критични ситуации кога жалителот изразил добро заснован страв во рамките на националниот контекст.
244. Упатувајќи на случаите Нарин против Турција (Narin v. Turkey (no. 18907/02, 15 December 2009)) и Франдес против Романија (Frandes v. Romania ((dec.), no. 35802/05, 17 May 2011)), Владата се изјаснила дека Судот, повикан да ја оцени ревноста што ја покажале странките за свое придржување, сметал дека жалбите можеле да се отфрлат како застарени дури и во случаи кои се однесувале на континуирани состојби. Владата сметала дека ова правило се применувало на ситуации во кои жалителите како г-динот Стоика во овој случај задоцниле многу или без некоја јасна причина пред да поднесат жалба во Судот откако сфатиле дека истрагата која ја воделе властите губела во својата ефективност или по моментот кога требале да го сфатат тоа. Според нив, ситуацијата на г-динот Стоика била многу поразлична од таа на жалителите во случајот на Ер и други против Турција (Er and Others v. Turkey (no. 23016/04, 31 July 2012)), со оглед дека жалителот во овој случај во секој момент можел да стапи во контакт со властите кои не се обидувале да ги скријат фактите или да ги негираат околностите.
3. Изјаснување на жалителот
245. Жалителот објаснил дека тој чекал до 18 јуни 2001 г. да поднесе кривична жалба за неговите искуства во текот на ноќта меѓу 13 и 14 јуни 1990 г. заради нивото на репресија што го вршеле властите во тоа време, а на која тој заедно со повеќе од илјада други бил жртва. Тој сметал дека истрагата во прашање овде не се однесувала на обични инциденти на незаконско користење на сила од страна на државните претставници, туку повеќе масовно повредување на човековите права, оркестрирани од највисоките државни власти.
Во врска со ова тој тврдел дека по настаните од јуни 1990 г. тој бил во таква состојба на очај што едвај можел да излезе од својот дом цели три месеци од страв од опресивните власти и дека неговото ментално и физичко здравје последователно се влошило во толкави размери што се стекнал со постојани психолошки проблеми.
246. Тој тврдел дека во такви околности само брзата реакција на судските власти можела да го разубеди и охрабри да поднесе жалба. Тој тврдел дека никаква реакција од таков вид не следела до 2000 г. и се изјаснил дека тој поднел жалба во тој момент откако дознал за прв пат дека високо позиционирани државни функционери биле обвинети и требале да бидат изнесени пред суд.
247. Тој забележал дека неговата жалба не била отфрлена заради застареност од страна на националните власти, дека веднаш била приклучена кон поширока истрага отворена за спорните настани, и дека со тоа биле покренати истражни дејствија без никакви тврдења за пасивност.
248. Тој сметаше дека тоа што не поднел жалба пред 2001 г. не ја компромитирало ефективноста на истрагата на никаков начин. Во врска со ова тој се изјаснил дека властите можеле да го идентификуваат од видео снимките кои државната телевизија ги направила од настаните кои се случиле во нивното седиште или од медицинската евиденција од ноќта меѓу 13 и 14 јуни 1990 г. од страна ургентниот оддел во кој тој бил хоспитализиран.
Исто така тој забележал дека четвртата поента од оперативните одредби од одлуката за судење од 18 мај 2000 г. наложила да се продолжи со истрагата во однос на лишувањето од слобода на 1.300 лица од страна на војската и рударите утрото на 13 јуни 1990 г., како и во однос на нападите што ги претрпеле стотици лица во текот на истиот период.
249. Тој тврдеше дека тој играл многу активна улога во истрагата од 2001 г. натаму и дека редовно барал информации за напредокот на постапките поднесувајќи како докази информации од регистарот на воениот оддел на обвинителството при Високиот суд за касација и правда.
250. Конечно, тој сметал дека побрзото поднесување на жалбата немало да влијае врз исходот на таа истрага, со оглед на одлуката да не се покрене обвинение, издадена на 17 јуни 2009 г., а која се однесувала и на оние жртви кои имале храброст да поднесат жалба пред 2001 г.
4. Забелешки на третата странка
251. Според невладионата организација Ридрес, третата странка што интервенираше, негативните психолошки последици од малтретирањето врз капацитетот на жртвите да се жалат претставувало значителна пречка во обесштетувањето. Реалноста на оваа појава била препознаена, меѓу другото од страна на Комитетот на Обединетите нации против мачење (Општ коментар бр. 3, 2012, § 38, цитиран горе).
252. Исто така Судот призна дека кога државни претставници вршеле злоупотреба, психолошките ефекти од тоа биле уште поголеми (Tyrer v. the United Kingdom, 25 April 1978, § 33, Series A no. 26).
253. Научните истражувања имаат покажано дека искуствата од малтретирањето од страна на социјалните и политичките институции кои биле одговорни на луѓето да им обезбедат безбедност и благосостојба можеле да имаат одредени психолошки последици кои можеле да го објаснат подоцнежното поднесување на жалба или ако воопшто не е поднесена жалба (тие упатија меѓу другите извори на L. Piwowarczyk, A. Moreno, M. Grodin, Health Care of Torture Survivors, Journal of the American Medical Association, vol. 284 (2000), pp. 539-41). Од психолошка перспектива причината за ваквиот став требал да се најде во кршењето на способноста на жртвите да им веруваат на други, а особено на државните претставници. Жртвите на државните претставници се чувствуваат поранливи отколку жртвите на обични криминалци со оглед дека имаат малку или никаква надеж дека властите ќе истражат a fortiori кога државата продолжила со репресија на мирните демонстрации или не покажала никакви знаци дека води делотворна истрага (A. Burnett, M. Peel, The Health of Survivors of Torture and Organised Violence, British Medical Journal, vol. 322 (2001), pp. 606-09).
254. Ова истражување исто така посочило дека жртвите кои не се идентификувале како активисти или демонстранти кои страдале од малтретирањето во поголема мерка, можеле да бидат дури и несразмерно погодени од извршеното насилство.
255. Со оглед на тешката ситуација на жртвите, како во смисла на нивната ранливост така и во смисла на пречките за добивање на пристап до докази, исто така имало и зголемена тенденција од страна на националните судови да ги земат во предвид овие работи и да ги блокираат периодите на ограничување кога се согласувале со правилото за жалбите поднесени многу години после настаните на кои се жалеле лицата кои биле мачени (District Court of The Hague, Wisah Binti Silan and Others v. the Netherlands, 14 September 2011, paras. 4.15-4.18, Nederlandse Jurisprudentie 2012, no. 578; High Court (England and Wales), Mutua and Others v. Foreign and Commonwealth Office, 5 October 2012, [2012] EWHC 2678 (QB); и the House of Lords (United Kingdom), A. v. Hoare, 30 January 2008, [2008] UKHL 6, paras. 44-49).
5. Оценка на Судот
256. Судот забележува дека Владата упати на бавноста на жалителот во поднесувањето на жалба до домашните власти во врска со настаните од кои потекнува оваа жалба. Во овој контекст тие исто така упатиле на обврската за ревност на лицата кои сакале да се жалат пред Судот.
257. Судот смета дека прашањето за обврската на жалителот за ревност е тесно поврзана со бавноста во поднесувањето на кривична жалба во рамките на домашниот правен систем. Земени заедно овие аргументи можат да се сметаат како приговор за непридржувањето кон временскиот рок од шест месеци согласно членот 35 § 1 од Конвенцијата. Затоа овој приговор сега мора да се испита (види Micu v. Romania, no. 29883/06, § 108, 8 February 2011).
(а) Општи принципи
258. Судот повтори дека рокот од шест месеци предвиден во членот 35 § 1 од Конвенцијата има низа цели. Неговата главна цел е да се задржи правната сигурност преку тоа што ќе се обезбеди случаите кои покренуваат прашања во однос на Конвенцијата да бидат разгледани во разумно време, и да се спречат властите и други засегнати лица да бидат држени во состојба на несигурност подолго време (види Sabri Güneş v. Turkey [GC], no. 27396/06, § 39, 29 June 2012; El Masri v. “the former Yugoslav Republic of Macedonia” [GC], no. 39630/09, § 135, ECHR 2012; и Bayram and Yıldırım v. Turkey (dec.), no. 38587/97, ECHR 2002-III). Правилото го обележува временскиот рок на надзор што се применува од Судот и им го посочува, и на поединци и на државните власти периодот после кој таквиот надзор повеќе не е можен (види Walker v. the United Kingdom (dec.), no. 34979/97, ECHR 2000‑I; Sabri Güneş, цитиран горе, § 40; и El Masri, цитиран горе, § 135).
259. Како резултат шестмесечниот период тече од датумот на правосилната одлука во процесот на исцрпување на домашните правни лекови. Меѓутоа кога од самиот почеток е јасно дека нема никаков делотворен правен лек за жалителот, рокот тече од датумот на делото или мерките на кои се жали или од датумот на знаење за тоа дело или неговите последици или штета по жалителот (види, меѓу другите извори, Dennis and Others v. the United Kingdom (dec.), no. 76573/01, 2 July 2002; Sabri Güneş, цитиран горе, § 54; и El Masri, цитиран горе, § 136).
260. Членот 35 § 1 не може да се толкува на начин кој бара од жалителот да дојде до Судот со својата жалба пред неговиот став во врска со проблемот конечно да бил решен на домашно ниво, во спротивно ќе се прекрши принципот на супсидијарност. Кога еден жалител ќе го искористи правниот лек кој наводно постои и само подоцна ќе стане свесен за околностите за кои правниот лек е неделотворен, може да биде соодветно за потребите на членот 35 § 1 да го започнат периодот од шест месеци од датумот кога жалителот за прв пат станал или требал да стане свесен за тие околности (види Paul and Audrey Edwards v. the United Kingdom (dec.), no. 46477/99, 4 June 2001, и El Masri, цитиран горе, § 136).
261. Во случаи на континуирана состојба периодот почнува да тече одново секој ден и генерално само откако состојбата ќе заврши периодот од шест месеци всушност почнува да тече (види Варнава и други v. Turkey [GC], nos. 16064/90, 16065/90, 16066/90, 16068/90, 16069/90, 16070/90, 16071/90, 16072/90 and 16073/90, § 159, ECHR‑2009, и Sabri Güneş, цитиран горе, § 54).
262. Меѓутоа не сите континуирани состојби се исти. Кога времето е од суштинска важност во решавањето на проблемите во еден случај, постои товар за жалителот да внимава неговите или нејзините тврдења да се изнесат пред Судот со потребната експедитивност за да обезбеди дека истите може да биле соодветно и правично решени (види Варнава и други, цитиран горе, § 160). Ова особено се однесува на жалбите на жалители во врска со некоја од обврските согласно Конвенцијата за истрага на одредени настани. Како што времето што минува води кон уништување на доказите, времето влијае не само на исполнувањето на обврската на државата да спроведе истрага туку исто така и на значењето и делотворноста на сопствената истрага на случајот од страна на Судот. Еден жалител мора да стане активен откако ќе стане јасно дека нема да се обезбеди делотворна истрага, со други зборови кога ќе стане очигледно дека тужената држава нема да ја исполни својата обврска согласно Конвенцијата (види Chiragov and Others v. Armenia (dec.) [GC], no. 13216/05, § 136, 14 December 2011, и Sargsyan v. Azerbaijan (dec.) [GC], no. 40167/06, § 135, 14 December 2011, обете упатувајќи на Varnava and Others, цитиран горе, § 161).
263. Судот веќе одлучил дека во случаи на истрага на малтретирање, како во оние за истрага на сомнителната смрт на роднина, жалителите се очекува да преземат чекори за да се во тек со напредокот на истрагата или нејзиното отсуство и да ги поднесат своите жалби со соодветна експедитивност откако ќе станат или треба да станат свесни за отсуството на делотворна кривична истрага (види ги одлуките во Bulut and Yavuz, цитиран горе; Bayram and Yıldırım, цитиран горе; Frandes, цитиран горе, §§ 18-23; и Atallah v. France (dec.), no. 51987/07, 30 August 2011).
264. Следи дека обврската за ревност на жалителите содржи два дистинктивни но тесно поврзани аспекти: од една страна, жалителите мора да стапат во контакт со домашните власти брзо во врска со напредувањето на истрагата – што ја наметнува потребата да се применат со потребната ревност со оглед дека секакво одложување ризикува компромитирање на ефективноста на истрагата – и од друга страна мораат да ја поднесат својата жалба брзо до Судот, веднаш штом ќе станат свесни или треба да станат свесни дека истрагата не е делотворна (види Nasirkhayeva v. Russia (dec.), no. 1721/07, 31 May 2011; Akhvlediani and Others v. Georgia (dec.), no. 22026/10, §§ 23-29, 9 April 2013; и Gusar v. Moldova (dec.), no. 37204/02, §§ 14-17, 30 April 2013).
265. И покрај тоа Судот повторува дека првиот аспект од обврската за ревност – односно, обврската да се примени брзо кај домашните власти - мора да се оцени во контекст на околностите на случајот. Во врска со ова беше одлучено дека доцнењето на жалителите со поднесувањето на жалба не е одлучувачко кога властите треба да се свесни дека лицето било подложено на малтретирање – особено во случај на напад кој се случил во присуство на полициски службеници - со оглед дека обврската на властите за истрага произлегува дури и во отсуство на изречна жалба (види Velev v. Bulgaria, no. 43531/08, §§ 59-60, 16 April 2013). Ниту пак таквото доцнење влијае врз допуштеноста на жалбата кога жалителот бил во особено ранлива ситуација со оглед на комплексноста на случајот и природата на наводните повреди на човековите права во прашање и кога е разумно за жалителот да се чека да се види што ќе се случи што би можело да ги разреши клучните фактички или правни прашања (види Ел Масри, цитиран горе, § 142).
266. Што се однесува до вториот аспект на оваа обврска за ревност – односно обврската на жалителот да поднесе жалба до Судот веднаш штом ќе сфати или требало да сфати дека истрагата не е делотворна -, Судот изјавил дека проблемот со идентификувањето на точното време кога се случува оваа фаза во суштина зависи од околностите на случајот и дека е тешко да се утврди тоа на прецизен начин (види ја одлуката во Насирхајева, цитирана горе).
267. При утврдувањето на опсегот на оваа обврска за ревност на жалителите кои сакале да се жалат на отсуство на делотворна истрага за смртта или малтретирањето, Судот во голема мерка се водел во последниве години од судската пракса во врска со обврската за ревност наметната на жалителите кои се жалеле за исчезнување на лицата во контекст на меѓународен конфликт или вонредна ситуација во рамките на една земја (види Варнава и други, цитиран горе, § 165, ECHR 2009; Yetişen and Others v. Turkey, no. 21099/06, §§ 72-85, 10 July 2012; и Er and Others, цитиран горе, § 52), и покрај разликите меѓу тие видови на ситуации.
268. Оттука Судот ги одбил како застарени жалбите каде имало претерано или необјасниво доцнење од страна на жалителите од моментот кога станале или требале да станат свесни дека никаква истрага не била започната или дека истрагата мирувала или станала неефективна и, во секоја од тие околности, немало директен, реалистичен изглед да дојде до делотворна истрага во иднина (види, inter alia, Нарин против Турција, цитиран горе, § 51; Aydinlar and Others v. Turkey (dec.), no. 3575/05, 9 March 2010; одлуката во случајот на Франдес, цитиран горе, §§ 18-23).
Со други зборови, Судот сметаше дека е незаменливо за лицата кои сакаат да поднесат жалба за неефикасноста или отсуството на таквата истрага пред Судот да не го одлагаат непотребно поднесувањето на својата жалба. Кога поминало значително време, и кога имало значителни одлагања и застој во истражните активности, ќе дојде време кога роднините мораат да сфатат дека никаква делотворна истрага била спроведена или ќе биде спроведена.
269. Меѓутоа Судот одлучи дека сè додека постои некаков значаен контакт меѓу роднините и властите во врска со жалбите и барањата за информации или реалистична можност за напредок во однос на истражните мерки, генерално нема да се појават размислувања за несоодветно доцнење на жалителите (види Варнава и други, цитиран горе, § 165).
(б) Примена на горенаведените принципи во актуелниот случај
270. Судот забележува дека наводниот напад врз жалителот во зградата на државната телевизија во присуство на полициски службеници и војници се случил ноќта меѓу 13 и 14 јуни 1990 г. Кривична истрага била започната набрзо после тоа. На 18 јуни 2001 г., повеќе од единаесет години по настаните, жалителот поднесол кривична жалба до обвинителот од воениот оддел на обвинителството при Врховниот суд за правда (види параграф 170 горе). На 25 јуни 2008 г. повеќе од осумнаесет години после настаните, жалителот поднел жалба до Судот во Стразбур. На 17 јуни 2009 г. обвинителството при Високиот суд за касација и правда одлучил да ги прекине постапките против преживеаните обвинети било врз основа дека делата веќе биле застарени било дека немало случај за кој можеле да одговараат (види параграфи 156-162 горе). На 9 март 2011 г. Високиот суд за касација и правда ја отфрлил жалбата на жалителот против оваа одлука (види параграф 166 горе).
271. Судот понатаму забележа дека во својот приговор Владата ја критикувала неактивноста на жалителот од 1990 до 2001 година.
272. Од аспект на правилото од шест месеци, Судот мора да утврди дали жалителот во времето на поднесување на својата жалба до Судот бил свесен или требал да биде свесен подолго од шест месеци за отсуството на некаква ефективна кривична истрага. Неговата неактивност пред поднесувањето на кривичната жалба на домашно ниво не е толку релевантна во оценувањето на исполнувањето на условот од шест месеци. Меѓутоа, доколку Судот требало да заклучи дека жалителот пред да поднесе жалба пред домашните власти тој веќе бил свесен или требал да биде свесен за отсуството на делотворна кривична истрага, очигледно е дека неговата последователна жалба до Судот a fortiori била поднесена со задоцнување (види ги одлуките во случаите Бајрам и Јилдирум, цитиран горе, и Булут и Јавуз, цитиран горе), освен ако нови докази или информации не произлезат во меѓувреме што би поттикнало нова обврска за властите да преземат дополнителни истражни мерки (види Brecknell v. the United Kingdom, no. 32457/04, § 71, 27 November 2007, и Gürtekin and Others v. Cyprus (dec.), nos. 60441/13, 68206/13 and 68667/13, 11 March 2014).
273. Со оглед дека тој формално ја поднел својата жалба додека бил интервјуиран од обвинител при воениот оддел на обвинителството при Врховниот суд за правда, постои доказ дека жалителот водел сметка за случувањата во врска со кривичната истрага пред 18 јуни 2001 г. Тој ја правдал својата резервираност да поднесе жалба со својата ранливост, која била објаснета не само со влошувањето на неговото здравје после малтретирањето кое наводно го претрпел во јуни 1990 г., туку исто така и од чувството на немоќ кој го чувствувал заради големиот број на жртви на репресијата спроведена од безбедносните сили и неуспехот на судските власти да реагираат брзо и нивната неспособност да го убедат и охрабрат да истапи.
274. Како и Комитетот на Обединетите нации против мачење цитиран од трета странка која интервенирала, Судот признава дела психолошките последици од малтретирањето извршено од државни агенти исто така моло да го поткопа капацитетот на жртвата да се жали на тоа како постапувале со него, и оттука може да претставува значителна пречка на правото на обесштетување на жртвите на мачење и друг вид на малтретирање (види Општ коментар бр. 3, 2012, § 38, ...). таквите фактори можат да имаат ефект жртвата да ја направат неспособна да ги преземе потребните чекори за покренување на постапки против сторителот без задоцнување. Соодветно на тоа, како што посочи третата странка што интервенираше, овие фактори сè повеќе се земаат во предвид на национално ниво што води кон одредена флексибилност во однос на временските рокови кои се применуваат за побарувањата на репарација во однос на побарувањата на надоместок за лична повреда (види параграф 255 горе).
275. Судот забележува дека многу малку жртви на настаните од 13 до 15 јуни 1990 г. поднеле жалба во првите неколку години (види параграф 99 горе). Навистина се чини дека мнозинството од нив нашле храброст да поднесат жалба после случувањата во рамките на истрагата кои произлегле од одлуката од 16 септември 1998 г. и одлуката за судење од 18 мај 2000 г. Судот може само да заклучи дека со оглед на вонредните околности во прашање, дека жалителот бил во ситуација во која не било неразумно тој да чека да се развијат настани со кои ќе можеле да се разрешат клучните фактички или правни прашања (види, наспроти тоа, одлуката во случајот на Ахвледиани и други, цитиран горе, § 27).
При тоа треба да се земе во предвид следново, Судот смета дека ранливоста на жалителот и неговото чувство на немоќ, кое го споделил со бројни други жртви кои, како и тој, чекале многу години пред да поднесат жалба, достигнале веројатно и прифатливо објаснување за неговата неактивност од 1990 до 2001 г.
276. Судот исто така забележува дека одредени други елементи – особено видео снимката направена од државната телевизија и конфискувањето на документите за лична идентификација кои му припаѓале на жалителот и на други лица кои биле држени и снимани во телевизиската станица – посочуваат дека властите знаеле или можеле да откријат без вистински потешкотии барем некои од имињата на жртвите на злоупотребите од 13 јуни 1990 г. во просториите на државната телевизија и околината и оние извршени во текот на следната ноќ, во присуство на бројните војници кои биле постепено распоредени таму (види Велев, цитиран горе, §§ 59-60). Исто така, со одлуката од 14 октомври 1999 г. и со одлуката за судење од 18 мај 2000 г. им било наредено на истражителите да ги идентификуваат сите тие жртви.
277. Исто така, Судот забележува дека одлуката од 17 јуни 2009 г. да не се поднесе обвинение, потврдена со пресудата на Високиот суд за касација и правда на 9 март 2011 г., се применувала за сите жртви. Заклучокот усвоен во однос на застарувањето на кривичната одговорност подеднакво се применувала на оние жртви кои поднеле жалби во деновите кои следеле по нивните напади и за оние кои како и жалителот се жалеле на подоцнежна дата.
278. Во такви околности не може да се заклучи дека подоцнежното поднесување на жалба од страна на г-динот Марин Стоика можело да ја поткопа делотворноста на истрагата (види, наспроти тоа, одлуката во случајот на Насирхајева, цитиран горе).
Во секој случај жалбата на жалителот била додадена кон досието за истрага на случајот бр. 75/P/1998, кој се занимавал со голем број на жртви на настаните од 13 до 15 јуни 1990 г. Судот исто така забележал дека одлуката од 29 април 2008 г., со која воениот оддел на обвинителството изјавил дека немале јурисдикција и случајот го упатиле на обичниот кривичен оддел за испитување - inter alia – на обвиненијата за нечовечно постапување против високи армиски офицери и државни лидери од времето, вклучително и имињата на повеќе од илјада жртви (види параграф 143 горе). Оттука, истрагата била спроведена во целосно вонредни околности.
279. Понатаму Судот забележа дека од 2001 г. натаму постоел значаен контакт меѓу жалителот и властите во однос на жалбата на жалителот и неговите барања за информации кои тој ги поднесувал годишно така што одел лично во обвинителството за да се распраша за напредокот во истрагата. Исто така имало опипливи индикатори дека истрагата напредувала, особено последователните одлуки да се покрене обвинение против високи цивилни и воени личности и истражните мерки во однос на жалителот, вклучително и двете испитувања на судска медицина кои биле спроведени.
280. Имајќи ги во предвид случувањата во истрагата после 2001 г., нејзиниот опсег и сложеност, а кои сите се прифатени од Владата, Судот смета дека по поднесувањето на нејзината жалба до надлежните домашни власти, жалителот можел легитимно да верува дека истрагата била делотворна и можел разумно да го чека нејзиниот исход, сè додека постоела разумна веројатност дека истражните мерки се движеле нанапред (види, mutatis mutandis, Palić v. Bosnia and Herzegovina, no. 4704/04, § 52, 15 February 2011).
281. Жалителот ја поднел својата жалба пред Судот на 25 јуни 2008 г., повеќе од седум години откако ја поднел својата жалба кај обвинителството. Истрагата сè уште не била завршена во тоа време и се преземале истражни чекори. Заради горепосочените причини (види параграф 279), кои и понатаму важеле барем до времето кога жалителот ја поднел својата жалба пред Судот, тој не можел да биде критикуван за тоа што чекал премногу долго.
282. Исто така Судот забележува дека конечната домашна одлука во случајот на жалителот била гореспоменатата пресуда од 9 март 2011 г.
283. Во контекст на претходно споменатото Судот смета дека жалбата не била поднесена после предвидениот рок. Затоа приговорот на Владата се отфрла.
Г. Наводна повреда на членовите 2 и 3 од Конвенцијата
1. Пресудата на Судскиот совет
284. Судскиот совет посебно ја разгледа основаноста на жалбите согласно членовите 2, 3 и 8 од Конвенцијата. Тој заклучи дека имало повреда на процедуралниот аспект на членот 2 во однос на г-ѓата Анка Мокану и дека немало повреда на процедуралниот аспект на членот 3 од Конвенцијата во однос на г-динот Марин Стоика.
(а) Делот од пресудата во врска со г-ѓата Анка Мокану
285. Што се однесува до г-ѓата Анка Мокану, Судскиот совет забележа дека кривичната истрага за законитоста на убиството на сопругот на жалителката била отворена во 1990 г. и дека сè уште траеле повеќе од дваесет години подоцна. Тој заклучи дека истрагата не била во согласност со барањето за брзина.
286. Тој исто така забележа дека во 1994 г. случајот чекал пред воените обвинителски органи, кои не биле независно истражно тело и дека пропустите во истрагата, признати од самите национални судови подоцна не биле поправени.
287. Исто така забележал дека г-ѓата Анка Мокану добила пристап до истрагата со задоцнување, и дека не била соодветно информирана за нејзиното напредување.
288. Исто така Судскиот совет сметал дека она за што се работело во овој случај – односно, правото на бројни жртви да знаат што се случило и со импликација правото на ефективна судска истрага и онаму каде што соодветствувало, надоместок – биле од толку голема важност за романското општество што морале да ги поттикнат домашните власти да се справат со случајот брзо и без непотребно одлагање, со цел да се спречи секаква појава на неказнување за одредени дела.
289. Имајќи ги на ум овие размислувања, Судскиот совет заклучи дека имало повреда на процедуралниот аспект на членот 2 од Конвенцијата.
(б) Делот од пресудата во врска со г-дин Марин Стоика
290. Што се однесува до г-динот Марин Стоика, Судскиот совет сметаше дека колку што било важно за релевантните домашни власти да започнат истрага и да преземат мерки веднаш штом ќе дознаеле за тврдењата за малтретирање, исто така било обврска за засегнатите лица да покажат ревност и иницијатива. Оттука, Судскиот совет му додели посебна важност на фактот дека жалителот ја изнел својата жалба во врска со насилството на кое бил подложен на 13 јуни 1990 г. пред властите дури единаесет години после настаните.
291. Забележа дека жалбата во прашање била вклучена во случајот 75/P/1998, кој меѓу другото се однесувал на истрагата за обвиненијата за нечовечно постапување, и дека во контекст на тој случај неколку истражни дејствија, вклучително и две испитувања на судска медицина, биле спроведени во однос на жалителот.
292. Меѓутоа забележа дека случајот посочил дека кога жалителот ја поднел својата жалба, одредени дела – имено напад и незаконско однесување веќе подложеле на застарување при примената на домашното право.
293. Иако Судскиот совет можел да прифати дека во ситуациите на масовна повреда на основните права било соодветно да се земе во предвид ранливоста на жртвите, особено можната неспособност да поднесат жалби од страв од одмазда, немало убедливи аргументи што би ја оправдале пасивноста на жалителот и одлуката да чека единаесет години за да ја поднесе својата жалба пред релевантните власти.
294. Соодветно на тоа, Судскиот совет заклучил дека немало повреда на процедуралниот аспект на членот 3 од Конвенцијата.
2. Аргументите на жалителите
295. Жалителите тврдеа дека процедуралниот аспект на членовите 2 и 3 од Конвенцијата биле прекршени во овој случај. Тие сметале дека обврската за спроведување на истрагата по нивните поднесоци содржана во тие одредби на Конвенцијата била обврска на властите како согласно домашното така и во однос на меѓународното право. Таа обврска била уште посилна со оглед дека актуелниот случај не се однесувал на обични инциденти на незаконско користење на сила од страна на државни агенти туку конфликт кој бил потпален од властите кои во тоа време биле на власт и кои подбуцнувале различни групи на населението – вклучително и етнички групи – едни против други.
296. Во врска со ова, тие нагласиле, со оглед на големиот број на жртви на оспорените настани, истрагите кои се однесувале на нив како жртви биле поврзани со кривични дела кои не подложеле на застарување, како што се геноцид или нечовечно постапување. Тие тврдеа дека ова м наметнувало на властите уште поголема обврска за истрага, која тие не ја исполниле.
Г-ѓа Анка Мокану посочила исто така дека таа не била информирана за напредувањето на истрагата после 2009 г.
297. Г-динот Марин Стоика сметал дека Судот требал да ја испита целата истрага на овој случај, во кој високи државни функционери биле обвинети и дека не треба да се ограничи на проверка на оној дел од истрагата во врска со насилството што нему му било нанесено. Тој се изјаснил дека, за потребите на проценката на случајот согласно процедуралниот аспект на членот 3, истрагата не требала да биде поделена и дека актите на насилство на кои бил подложен не можеле да се разгледуваат во изолација.
298. Г-динот Стоика се изјаснил дека тие настани – кои истрагата требала да ги разјасни – биле особено важни за најновата историја на Романија, бидејќи тие се случиле во контекст на транзицијата кон демократското општество и биле дел од процес кој датира од падот на диктаторот во декември 1989 г. Додавајќи дека овие настани погодиле многу луѓе, жалителот сметал дека истрагата во прашање била единственото средство за романското општество да ја открие вистината за оваа епизода во најновата историја на земјата, фактор што требал да ги поттикне надлежните власти да преземат соодветни дејствија, нешто што не успеале да направат.
299. Во врска со ова тој се изјасни дека всушност со затворањето на истрагата за нечовечно постапување по основ на тоа дека составните елементи на делото не биле откриени, обвинителот во својата одлука да не покрене обвинение од 17 јуни 2009 г. неправилно го протолкувал законот со оглед дека неговиот заклучок не соодветствувал на релевантната судска пракса на Високиот суд за касација и правда.
300. Исто така што се однесува до делата што биле предмет на истрага а кои подложеле на застарување, тој сметал дека ограничениот период требал да биде суспендиран за периодот додека обвинетите лидери држеле високи државни позиции.
301. Конечно жалителот се изјаснил дека со оглед на посебните одлики на случајот, неговото задоцнување да поднесе жалба било ирелевантно при испитувањето на жалбата во која се тврдело дека имало повреда на процедуралниот аспект на членот 3 и дека не било тоа така за да се попречи истрагата. Во врска со ова тој забележал дека одлуката од 14 октомври 1999 г. и четвртата поента од одлуката за отпочнување на судење од 18 мај 2000 г. наметнувала обврска за истражните лица да ги идентификуваат сите жртви на репресијата. Тој исто така тврдел дека властите биле информирани директно за неговиот случај.
3. Аргументите на Владата
(а) Што се однесува г-ѓата Анка Мокану
302. Упатувајќи на одредени истражни мерки во домашните постапки, Владата тврдела дека националните власти се придржувале на своите обврски да спроведат делотворна истрага за околностите на смртта на сопругот на г-ѓата Анка Мокану, на сите неопходни процедурални дејствија за да се утврди вистината за таа смрт – особено фактичките околности во кои се случила – кои биле спроведени во контекст на таа истрага.
303. Тие посочиле дека судските власти биле обврзани да ја поделат истрагата во неколку случаи во зависност од обвинетиот, делата или засегнатите цивилни странки со оглед на сложеноста на настаните што се случиле во јуни 1990 г. во Букурешт и дека од истите причини морале да обединат сложена група на докази, вклучително и повеќе од 5.700 изјави на сведоци.
304. Во врска со ова тие го повикаа Судот да ја земат во предвид невообичаената природа на истрагата која се должела не само на големиот број на инволвирани лица, туку исто така и на фактот дека се однесувала на чувствителен историски момент за Романија. Тие нагласиле дека специфичната ситуација на жалителите претставувала само еден дел од широката поврзаност на настаните коишто се случиле во времето на големите демонстрации што се одржале во Букурешт и кои довеле до насилството, и дека затоа тие ситуации не можеле да се анализираат во изолација од општиот контекст на случајот.
305. Тие се изјаснија дека немало никаков период на неактивност која можела да им се препише на властите од 2000 г. до тој датум.
306. Тие исто така посочија дека тие не ги оспорувале наодите на Судскиот совет во однос на должината на истрагата, туку додале дека тоа било појаснето од потребата да се поправат почетните слабости на истрагата и желбата да се обезбеди жалителката да биде вклучена во постапките.
(б) Во однос на г-динот Марин Стоика
307. Што се однесува до г-динот Марин Стоика, Владата посочи дека властите наишле на потешкотии околу идентификувањето на сите жртви и нивното вклучување во истрагите со оглед дека не сите поднеле жалби веднаш.
308. Тие тврдеа дека кривичната истрага правилно заклучила дека кривичната одговорност застарела, а што се однесува до малтретирањето што го претрпел жалителот тоа не потпаѓало под категоријата на злосторства против човештвото. Тие нагласија дека заклучокот не бил наменет да внесе клима на неказнување за трагичните настани од 1990 г. туку да примени процедурални правила од домашното право, особено разумни временски рокови, кои се движеле од три до петнаесет години.
309. Немало никакви посебни околности во овој случај што ќе го оправдало наметнувањето на зајакната обврска за властите во однос на истрагата.
310. Исто така, во случајот на повеќекратни повреди на основните права, севкупната вистина не неопходно била утврдена со разјаснување на секоја поединечна ситуација. Во тие околности, една истрага можела да ја исполни нејзината цел – да се утврди општата вистина – дури и кога постоеле пречки за некој поединечен случај заради тоа што засегнатата жртва не презела ништо.
4. Коментари на третата странка
311. Третата странка која интервенираше посочи дека во изминатите десет години европското и меѓународното право сè поголема важност ѝ придаваат на борбата против неказнувањето во однос на мачењето и суровото, нечовечно и понижувачко постапување или казни, и на препознавање на правото на жртвите на делотворен правен лек и обесштетување. Во врска со ова упати на неколку меѓународни текста, особено Насоките на Комитетот на министри на Советот на Европа за искоренување на неказнувањето за сериозни повреди на човековите права (усвоени на 30 март 2011 г.). Според тие Насоки „фактот дека жртвата не сака да поднесе официјална жалба, подоцна ја повлекува таквата жалба или одлучува да ја прекине постапката не ги ослободува властите од нивната обврска да спроведат делотворна истрага, доколку постојат причини да се верува дека имало сериозна повреда на човековите права“.
312. Третата странка која интервенираше нагласи дека членот 3 од Конвенцијата барал од државите да усвојат кривични закони кои делотворно ја казнувале сериозната повреда на соодветните санкции (тие упатија на пресудите во случаите на M.C. v. Bulgaria, no. 39272/98, § 150, ECHR 2003‑XII; Çamdereli v. Turkey, no. 28433/02, § 38, 17 July 2008; и Gäfgen v. Germany [GC], no. 22978/05, § 117, ECHR 2010). Тие заклучија дека периодот за застарување треба да се прилагоди на посебните одлики на таквите случаи кои меѓу другото се карактеризирале со ранливост на жртвите, особено во случај на малтретирање извршено од страна на државни агенти.
313. Потпирајќи се на случај изнесен пред Хашкиот Трибунал (Судскиот совет, Prosecutor v. Furundžija, case no. IT-95-17/1-T, judgment of 10 December 1998), тие се изјаснија дека неприменливоста на застарувањето на кривичната одговорност кога се работи за воени злосторства и дела против човештвото биле едногласно признато начело, меѓутоа дека не било ограничено на овој вид на кривични дела. Тој додаде дека Комитетот на Обединетите нации за човекови права го делел овој став што се однесува на флагрантните повреди на основните права, и дека Комитетот исто така изјавил дека застарувањето не требало да се применува на други форми на малтретирање (Општ коментар бр. 3, 2012, § 40, ...).
5. Оценка на Судот
(а) Општи принципи
314. Судот заеднички ќе ги разгледа жалбите поднесени од г-ѓата Анка Мокану и од г-динот Марин Стоика согласно членовите 2 и 3 од Конвенцијата, во контекст на конвергентните принципи кои произлегуваат од обете овие одредби, принципи кои се добро воспоставени и кои биле сумирани меѓу другото во пресудите во случаите Nachova and Others v. Bulgaria ([GC], nos. 43577/98 and 43579/98, §§ 110 and 112-113, ECHR 2005-VII); Ramsahai and Others v. the Netherlands ([GC], no. 52391/99, §§ 324-325, ECHR 2007‑II); Al-Skeini and Others v. the United Kingdom ([GC], no. 55721/07, §§ 162-167, ECHR 2011); и El Masri (цитиран горе, §§ 182-185).
315. Судот веќе се изјаснил дека при толкувањето на членовите 2 и 3 морал да се води од спознанието дека предметот и целта на Конвенцијата како инструмент за заштита на поединечните човечки суштества бара одредбите да се толкуваат и применуваат така што неговата заштита ќе биде практична и делотворна.
Тој повтори дека членот 3, како и членот 2 мораат да се сметаат за една од најсуштинските одредби на Конвенцијата и за носители на клучните вредности на демократските општества кои го сочинуваат Советот на Европа (види Soering v. the United Kingdom, judgment of 7 July 1989, Series A no. 161, p. 34, § 88). Наспроти другите одредби во Конвенцијата, таа е формулирана со апсолутни термини, без исклучок или оградување, или можност за отстапување согласно членот 15 од Конвенцијата (види Ал-Скеини и други, цитиран горе, § 162).
316. Генерално забраната на своеволното убивање и мачење и нечовечно и понижувачко постапување или казнување од страна на претставници на државата би била неделотворна во пракса доколку нема процедура било за разгледување на законитоста на употребата на смртоносна сила од страна на државните власти или за истрага на своеволните убиства и тврдењата за малтретирање на лицата кои ги држеле (види Ал-Скеини и други, цитиран горе, § 163, и Ел Масри, цитиран горе, § 182).
317. Оттука земајќи ја во предвид општата обврска на државата согласно членот 1 од Конвенцијата „секој во рамките на својата јурисдикција да ги обезбеди правата и слободите дефинирани со Конвенцијата“, одредбите од членовите 2 и 3, бараат со импликација дека треба да има некаква форма на делотворна официјална истрага, како кога лица се убиени како резултат на примена на сила меѓу другото од страна на државни агенти (види McCann and Others v. the United Kingdom, 27 September 1995, § 161, Series A no. 324), така и кога едно лице веродостојно тврди дека страдал од постапување со кое бил прекршен членот 3 од Конвенцијата во рацете меѓу другото на полицијата или други слични власти (види Assenov and Others v. Bulgaria, 28 October 1998, § 102, Reports 1998‑VIII).
318. Суштинската цел на таквата истрага е да се обезбеди делотворно спроведување на домашните закони со кои се штити правото на живот и се забранува мачењето и нечовечното или понижувачко постапување и казнување во случаите во кои се вклучени државни агенти или тела, и да се обезбеди нивната одговорност за смртта и малтретирањето кои настанеле под нивна надлежност (види Начова и други, цитиран горе, § 110, и Ahmet Özkan and Others v. Turkey, no. 21689/93, §§ 310 and 358, 6 April 2004).
319. Судот веќе одлучил дека процедуралната обврска согласно членовите 2 и 3 и понатаму се применува во различни безбедносни услови, вклучително и во контекст на вооружен конфликт. Дури и кога настаните кои ја наметнале обврската за истрага се случиле во контекст на општо насилство и истражните лица биле соочени со пречки и ограничувања кои наметнувале примена на помалку делотворни мерки на истрага или причината за истрагата да биде одложена, фактот останува дека членовите 2 и 3 вклучуваат дека сите разумни чекори морале да се преземат за да се обезбеди спроведување на делотворна и независна истрага (види Ал-Скеини и други, цитиран горе, § 164).
320. Општо гледано за една истрага да биде делотворна, лицата одговорни за нејзино спроведување мораат да бидат независни од оние кои се цел на истата. Ова значи не само отсуство на хиерархиска или институционална врска туку исто така и практична независност (види Начова и други, цитиран горе, § 110, и Halat v. Turkey, no. 23607/08, § 51, 8 November 2011).
321. Без разлика на применетиот модел, властите мораат да дејствуваат и по сопствена иницијатива. Исто така со цел да биде делотворна истрагата мора да може да доведе до идентификација и казнување на одговорните. Затоа треба да е доволно широка за да им дозволи на истражните власти да ги земат во предвид не само дејствијата на државните агенти кои директно и незаконски примениле смртоносна сила, туку исто така и околностите (види Ал-Скеини и други, цитиран горе, § 163).
322. Иако ова не е обврска за резултат туку за средства, секакво отсуство на истрага која ја поткопува способноста за утврдување на околностите на случајот или лицето одговорно ќе ризикува да се смета дека не биле исполнети потребните стандарди на делотворност (види Ел Масри, цитиран горе, § 183).
323. Условот за итност и разумна експедитивност е имплицитен во овој контекст. Иако можеби постојат пречки или потешкотии кои го попречуваат напредокот во една истрага, особено брзиот одговор на властите во текот на истрагата, примената на смртоносна сила или тврдењата за малтретирање можат генерално да се сметаат за суштински во одржувањето на јавната доверба во нивното придржување кон владеењето на правото и спречувањето на секакво договарање или толерирање на незаконски дејствија (види McKerr v. the United Kingdom, no. 28883/95, § 114, ECHR 2001-III).
324. Во сите случаи, најблиските на жртвата мора да бидат инволвирани во постапката во онаа мерка која е неопходна да се заштитат неговите или нејзините легитимни интереси. Подеднакво, што се однесува до членот 3 од Конвенцијата, жртвата треба да може да учествува на делотворен начин во истрагата (види МекКер, цитиран горе, § 115).
325. И конечно, истрагата мора да биде темелна, што значи дека властите секогаш мораат да прават сериозни напори за да утврдат што се случило и да не се потпираат на избрзани или погрешно засновани заклучоци за да ја затворат истрагата (види Ел Масри, цитиран горе, § 183).
326. Судот исто така одлучил дека во случаите во врска со мачење или малтретирање извршени од државни агенти, кривичните постапки не треба да се прекинат заради временски ограничувања и исто така во такви случаи не треба да се толерираат амнестии и помилувања (види Abdülsamet Yaman v. Turkey, no. 32446/96, § 55, 2 November 2004; Yeter v. Turkey, no. 33750/03, § 70, 13 January 2009; и Association “21 December 1989” and Others, цитиран горе, § 144). Исто така, начинот на кој се применува застарувањето мора да биде компатибилен со условите на Конвенцијата. Затоа е тешко да се прифатат нефлексибилни временски ограничувања кои не прифаќаат никакви исклучоци (види, mutatis mutandis, Röman v. Finland, no. 13072/05, § 50, 29 January 2013).
(б) Примена на горенаведените принципи во актуелниот случај
327. Во овој случај Судот забележува дека кривичната истрага била отворена по сопствена иницијатива на властите набрзо после настаните во јуни 1990 г. Од самиот почеток, таа истрага се однесувала на смртта од истрел од огнено оружје на сопругот на г-ѓата Анка Мокану и други лица и на малтретирањето на кое биле подложени други лица во истите околности.
Судот исто така забележува дека оваа истрага првично била поделена на неколку стотина посебни случаи (види параграфи 82-87 горе), и дека последователно биле споени пред повторно да бидат поделени во неколку прилики на четири, два па на три правци.
328. Се чини од одлуката од 14 октомври 1999 г. на воениот оддел на обвинителството при Врховниот суд за правда дека истрагата исто така имала за задача да ги идентификува сите жртви на репресијата спроведена од 13 до 15 јуни 1990 г. Оттука го засегала и г-дин Марин Стоика барем после 18 јуни 2001 г., датумот на кој тој официјално поднел жалба.
Судот забележува дека многу голем број на случаи биле отворени на национално ниво. Меѓутоа со оглед дека сите тие случаи потекнувале од истите настани – кои навистина резултирале со нивно регрупирање со одлука на обвинителството во Врховниот суд за правда во еден единствен случај во 1997 г. – Судот смета дека во суштина се работи за една иста истрага. Дури и ако Судот сметал дека случајот се однесува на две посебни истраги, една за г-ѓата Анка Мокану и друга за г-динот Марин Стоика, неговите наоди во однос на ефективноста би биле истите согласно долунаведените причини.
329. Судот забележува дека оваа истрага е сè уште во тек во однос на г-ѓата Анка Мокану. Пресудата усвоена од страна на Високиот суд за касација и правда на 17 декември 2007 г. со која досието во врска со обвинението кое првично било поднесено против петмина армиски офицери му било вратено на обвинителството, е најнеодамнешната судска одлука усвоена во однос на првата жалителка.
330. Судот забележува дека делот од истрагата во врска со г-динот Марин Стоика кој имплицира 37 високо позиционирани цивилни и воени функционери – вклучително и поранешен шеф на државата и двајца поранешни министри за внатрешни и одбрана – бил прекинат со пресуда усвоена на 9 март 2011 г. од страна на Високиот суд за касација и правда.
331. Тој повтори дека неговата надлежност ratione temporis му дозволува да разгледа само дел од истрагата кој се случил после 20 јуни 1994 г., датумот на кој Конвенцијата стапила на сила во однос на Романија (види параграф 211 горе). Соодветно на тоа, ќе провери дали, после тој датум, истрагата спроведена за овој случај ги исполнува критериумите на делотворност кои се утврдени горе.
i. Независност на истрагата
332. Судот забележа дека од 1997 г. неколку години после датумот на кој Конвенцијата стапила на сила во однос на Романија до почетокот на 2008 г. случајот чекал пред воениот оддел на обвинителството во Врховниот суд за правда (од 2003, Висок суд за касација и правда). Тој забележува дека што се однесува на г-ѓата Анка Мокану, истрагата сè уште е во тек пред военото обвинителство, откако обичното обвинителство на 6 јуни 2013 г. се изјаснило дека нема јурисдикција (види параграф 123 горе).
333. Во врска со ова Големиот судски совет го потврдува наодот на Судскиот совет дека истрагата им била доверена на обвинители, кои како и обвинетите (од кои двајца генерали), биле офицери во подредена позиција во воената хиерархија, наод кој веќе го навел Судскиот совет да заклучи дела постоела повреда на процедуралниот аспект на член 2 и член 3 од Конвенцијата во претходните случаи против Романија (види Barbu Anghelescu v. Romania, no. 46430/99, § 67, 5 October 2004; Bursuc v. Romania, no. 42066/98, § 107, 12 October 2004; и од неодамна, Шандру и други, цитиран горе, § 74; Здружението „21 декември 1989“ и други, цитиран горе, § 137; и Crăiniceanu and Frumuşanu v. Romania, no. 12442/04, § 92, 24 April 2012).
334. Бројот на повреди утврдени во случаи слични на овој случај е прашање што посебно загрижува и фрла сериозен сомнеж врз објективноста и непристрасноста на истрагите кои се бара да ги спроведат воените обвинители (види, mutatis mutandis, Начова и други, цитиран горе, § 117). Владата не посочи никаков факт или аргумент кој може да го убеди Судот да го заклучи спротивното во овој случај.
ii. Експедитивност и адекватност на истрагата
335. Судот забележува дека истрагата во врска со г-ѓата Анка Мокану чекала повеќе од дваесет и три години и повеќе од деветнаесет години од ратификувањето на Конвенцијата од страна на Романија. Во овој период тројца од петте високи армиски офицери имплицирани во убиството на сопругот на жалителката починале.
336. Исто така треба да се забележи во однос на г-динот Марин Стоика дека релевантната истрага била прекината со пресуда усвоена на 9 март 2011 г., дваесет и една година по отворањето на истрагата и десет години по официјалното поднесување на жалба од страна на жалителот и неговото приклучување кон досието на истрагата.
337. Сепак самото минување на времето може не само да ја поткопа истрагата туку исто така дефинитивно да ги компромитира нејзините шанси да биде истата завршена (види M.B. v. Romania, no. 43982/06, § 64, 3 November 2011).
338. Иако призна дека случајот е несомнено сложен, како што и самата Влада го нагласи тоа, Судот смета дека политичките и социјалните влогови на кои се упатува од Владата не можат да оправдаат толку долг период. Напротив, важноста на тие влогови за романското општество треба да ги наведат властите да го решат случајот брзо и без одлагање со цел да се избегне било каков дослух или толерирање на незаконски дејствија (види, inter alia, Lăpuşan and Others v. Romania, nos. 29007/06, 30552/06, 31323/06, 31920/06, 34485/06, 38960/06, 38996/06, 39027/06 and 39067/06, § 94, 8 March 2011, во врска со изминувањето на повеќе од шеснаесет години од отворањето на истрага наменета да води кон идентификувањето и казнувањето на оние што биле одговорни за репресијата на анти-комунистичките демонстрации во 1989 г., и повеќе од единаесет години од стапувањето на сила на Конвенцијата).
339. Меѓутоа Судот забележа дека имало долги периоди на неактивност на истрагата во актуелниот случај, како во првичните фази така и во неодамнешните години. Тој забележа, поконкретно дека не бил направен никаков позначителен напредок во истрагата од 20 јуни 1994 г., датумот кога стапила на сила Конвенцијата, до 22 октомври 1997 г., датумот на кој започнало спојувањето на бројните досиеја кои биле отворени посебно, но кои биле дел од истиот фактички контекст како тој во кој се родиле овие жалби. Дури после тој датум обвинителството започнало да спроведува поопсежна истрага за сите околности поврзани со употребата на сила од страна на државните агенти против цивилното население (види Ал-Скеини и други, цитиран горе, § 163).
340. Исто така, Судот забележува дека одлуката од 16 септември 1998 г. споменува дека никаква истрага не била спроведена во однос на жалбите на лицата нападнати во седиштето на државната телевизија пред тој датум (види параграф 100 горе).
341. Понатаму, единствените процедурални дејствија спроведени во случајот на г-ѓата Анка Мокану од последното упатување на обвинителството, побарано на 17 декември 2007 г., се одлуката од 6 јуни 2013 г. да се прекинат постапките во однос на двајцата сообвинети кои починале во меѓувреме, и две изјави со кои се отфрла јурисдикцијата, издадени на 30 април 2009 г. и 6 јуни 2013 г.
342. Судот исто така забележува дека самите национални власти утврдиле бројни недостатоци во истрагата. Оттука одлуката усвоена на 16 септември 1998 г. од страна на обвинителството при Врховниот суд за правда посочила дека ниедно од лицата кои биле на високи позиции во релевантното време – поконкретно, шефот на државата, премиерот и неговиот заменик, министерот за внатрешни и шефот на полицијата – сè уште не биле испрашани.
343. Исто така последователната истрага не овозможила да се поправат сите недостатоци, како што Врховниот суд за правда и Високиот суд за касација и правда забележале во своите ценети одлуки од 30 јуни 2003 г. и 17 декември 2007 г., упатувајќи на недостатоците во своите претходни постапки.
344. Исто така Судот забележа дека истрагата – издвоена уште во 1998 г. од остатокот од случајот – за насилството извршено врз бројните демонстранти и други личности кои случајно се нашле на местото на нивното разбивање била прекината со одлука да не се покрене обвинение издадена на 17 јуни 2009 г. и потврдена со пресудата од 9 март 2011 г. Меѓу овие лица бил и г-динот Марин Стоика кој поднел жалба во 2001 г., и морал да чека десет години за да се заврши истрагата. Меѓутоа и покрај должината на времето и истражните дејствија спроведени во однос на жалителот и набројани од Владата, ниедна од горенаведените одлуки не успеала да ги утврди околностите на малтретирањето кои жалителот и други лица тврделе дека ги претрпеле во седиштето на државната телевизија.
345. Одлуката усвоена од обвинителството на 17 јуни 2009 г. во суштина посочила дека било невозможно да се утврди идентитетот на напаѓачите и степенот на инволвираност на безбедносните сили кога биле затворени истрагите спроведени од цивилните и во тоа време воените обвинителства. Меѓутоа властите не посочиле какви докази се користеле со цел да се утврдат фактите и за какви опипливи причини нивните дејствија не обезбедиле резултати. Исто така на домашно ниво тие никогаш не го ставиле под знак прашање однесувањето на жалителот во однос на истрагата и не успеале да дадат некаков коментар во врска со датумот на кој жалителот ја поднел својата жалба.
346. Судот забележува дека овој дел од истрагата бил прекинат во суштина на сметка на застарувањето на кривичната одговорност. Во врска со ова тој повтори дека процедуралните обврски кои произлегле согласно членовите 2 и 3 од Конвенцијата едвај да може да се смета дека биле исполнети кога истрагата била прекината, како во овој случај преку застарување на кривичната одговорност што произлегува од неактивноста на властите (види Здружение „21 декември 1989“ и други, цитиран горе, § 144).
347. Што се однесува до други поважни наоди од истрагата, имено заклучокот дека составните елементи на нечовечното постапување, казниво согласно членот 358 од Романскиот кривичен законик, не биле изнесени во однос на г-динот Стоика, Судот смета дека придржувањето на толкувањето на обвинителот на релевантната домашна судска пракса подложи на сомнеж со оглед на пресудата усвоена од Високиот суд за касација и правда од 7 јули 2009 г. Исто така Владата не изнесе други примери од судската пракса во поткрепа на одлуката донесена во овој случај. Судот исто така смета дека заклучокот во однос на тоа дека рударите повеќе немале непријател против кој би се бореле на 14 јуни 1990 г. (види параграф 161 горе) се чини сомнителен, со оглед дека евидентно го отфрла насилството кое настанало на 13 јуни 1990 г. во присуство на голем број на војници опремени со тешка муниција и тенкови како што било потврдено од самите горенаведени одлуки. Понатаму, овој заклучок е спротивен на фактите утврдени со истата одлука која во детали ги опишува актите на насилство извршени на 14 јуни 1990 г. од страна на рударите, чија цел биле, без да се прави разлика, демонстрантите, студентите кои се наоѓале во просториите на универзитетот и минувачите. Исто така во својата пресуда од 9 март 2011 г. отфрлајќи ја жалбата на г-динот Стоика против одлуката да не поднесе обвинение, Високиот суд за касација и правда не направил никаква проценка на прашањето за применливоста на членот 358 од Кривичниот законик, и чисто потврдил како биле применети правилата за застарување во овој случај.
348. Согласно тоа, се чини дека властите одговорни за истрагата во овој случај не ги презеле сите мерки кои биле разумно способни да доведат до идентификација и казнување на оние што биле одговорни.
iii. Вклученост на првата жалителка во истрагата
349. Што се однесува до обврската за вклучување на роднините на жртвите во постапките, Судот забележува дека г-ѓата Анка Мокану не била информирана за напредокот во истрагата пред одлуката од 18 мај 2000 г. за судење на лицата обвинети за убиството на нејзиниот сопруг.
350. Понатаму, Судот забележа дека жалителката била испрашана од страна на обвинителот за првпат на 14 февруари 2007 г., речиси седумнаесет години после настаните и дека по пресудата на Високиот суд за касација и правда од 17 декември 2007 г., таа повеќе не била информирана за одвивањето на истрагата.
351. Судот затоа не е убеден дека интересите на г-ѓата Анка Мокану да учествува во истрагата биле доволно заштитени (види Здружение „21 декември 1989“ и други, цитиран горе, § 141).
iv. Заклучок
352. Во контекст на претходно кажаното, Судот смета дека г-ѓата Анка Мокану немала корист од делотворна истрага како што се бара од членот 2 од Конвенцијата, и дека г-динот Марин Стоика исто така бил лишен од делотворна истрага за потребите на членот 3.
353. Соодветно на тоа имало повреда на процедуралниот аспект на овие одредби.
...
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучи, со шеснаесет гласа наспроти еден, дека има јурисдикција ratione temporis да ги испита жалбите поднесени од г-ѓата Анка Мокану и г-динот Марин Стоика во однос на процедуралниот аспект на членовите 2 и 3 од Конвенцијата, што се однесува до тоа дека тие жалби се поврзани со кривичната истрага спроведена во актуелниот случај по стапувањето во сила на Конвенцијата во однос на Романија;
...
3. Го отфрли, со четиринаесет гласови наспроти три, приговорот на Владата во кој тврдеше дека жалбата поднесена од г-динот Марин Стоика била застарена;
4. Одлучи, со шеснаесет гласа наспроти еден, дека имало повреда на процедуралниот аспект на членот 2 од Конвенцијата во однос на г-ѓата Анка Мокану;
5. Одлучи, со четиринаесет гласа наспроти три, дека имало повреда на процедуралниот аспект на членот 3 од Конвенцијата во однос на г-динот Марин Стоика;
...
Изготвена на англиски и француски јазик, и донесена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 17 септември 2014 г.
Јохан КалеваертДин Шпилман
Заменик секретарПретседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, кон оваа пресуда се приложени следниве издвоени мислења:
- Мислење на согласување на судијата Пинто де Албукерки, придружен од судијата Вичиниќ;
- Мислење на делумно несогласување на судијата Силвис, придружен од судијата Стретеану;
- Мислење на делумно несогласување на судијата Војтичек.
Д.С.
Ј.К.
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy