© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА ШВАЈЦАРСКОТО РАЕЛИСТИЧКО ДВИЖЕЊЕ против ШВАЈЦАРИЈА
(Жалба бр. 16354/06)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
13 јули 2012 г.
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на Швајцарското раелистичко движење против Швајцарија,
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Николас Браца (Nicolas Bratza), претседател
Франсоаз Тилкен (Françoise Tulkens),
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Корнелиу Бирсан (Corneliu Bîrsan),
Егберт Мијер (Egbert Myjer),
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Андраш Шају (András Sajó),
Мирјана Лазарова Трајковска (Mirjana Lazarova Trajkovska),
Леди Бјанку (Ledi Bianku),
Ен Пауер-Форде (Ann Power-Forde),
Михаи Поалелунџи (Mihai Poalelungi),
Небојша Вучиниќ (Nebojša Vučinić),
Кристина Пардалос (Kristina Pardalos),
Гана Јудкивска (Ganna Yudkivska),
Пауло Пинто де Албукерки (Paulo Pinto de Albuquerque),
Марк Филигер (Mark Villiger), судии,
и Мајк О’Бојл, заменик секретар,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 16 ноември 2011 г. и на 9 мај 2012 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнува од жалба (бр. 16354/06) против Швајцарската Конфедерација поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на здружение формирано согласно швајцарските закони, Швајцарското раелистичко движење („жалителот“) на 10 април 2006 година.
2. Здружението жалител беше претставувано од г-динот Е. Елкаим, адвокат со пракса во Лозана (Швајцарија). Швајцарската Влада („Владата“) беше преставувана од нивниот агент, г-динот Шурман од Сојузната правосудна канцеларија.
3. Здружението жалител тврдеше дека забраната на неговите плакати од страна на швајцарските власти претставувало повреда на неговото право на слобода на вероисповед и неговото право на слобода на изразување, како што се гарантирани од членовите 9 и 10 од Конвенцијата во врска со ова.
4. Жалбата и беше доделена на Првата секција на Судот (правилото 52 § 1 од Деловникот на Судот). На 15 мај 2008 г. Судот одлучил да ја извести Владата за жалбата и согласно поранешниот член 29 § 3 од Конвенцијата да ја испита допуштеноста и основаноста во исто време.
5. На 13 јануари 2011 г. Судскиот совет на таа Секција во составен од следниве судии: Христос Розакис (Christos Rozakis), Нина Вујиќ (Nina Vajić), Канлар Хаџијев (Khanlar Hajiyev), Диан Шпилман (Dean Spielmann), Свере Ерик Јебсен (Sverre Erik Jebens), Џорџо Малинверни (Giorgio Malinverni), и Јоргос Николау (George Nicolaou), судии, и Сорен Нилсен (Søren Nielsen), секретар на Секцијата, усвои пресуда со која тој одлучи со пет гласа наспроти два дека немало повреда на членот 10 од Конвенцијата и дека немало потреба да се разгледа посебно жалбата во однос на членот 9. Мислењата на несогласување на судиите Розакис и Вајиќ беа приложени кон пресудата.
6. На 12 април 2011 г. здружението жалител побара случајот да се упати на Големиот судски совет согласно членот 43 од Конвенцијата и правилото 75. Панел на Големиот судски совет го прифати тоа барање на 20 јуни 2011 г.
7. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите од член 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и правилото 24. Мандатот на Михаи Поалелунџи му заврши на 30 април 2012 г. Тој продолжи да учествува во работата на случајот (членот 23 § 3 од Конвенцијата и правилото 24 § 4).
8. И жалителот и Владата поднесоа сопствени дополнителни забелешки на писмено (правилото 59 § 1). Исто така беа примени коментари од трета странка од невладината организација Член 19, на која претседателот и дозволи да интервенира во писмената постапка (член 36 § 2 од Конвенцијата и правилото 44 § 2).
9. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 16 ноември 2011 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(a) за Владата
Г-динФ. Шурман (F. Schürmann), раководител на
Оддел за европско право и меѓународни човекови права,
Сојузно правосудно биро, Сојузно министерство за полиција и правда, агент,
Г-динА. Тендон (A. Tendon), правник, заменик началник на
Правниот сектор на Кантонот Ношател,
Г-ѓаД. Штајгер Луба (D. Steiger Leuba), технички
советник, Оддел за европско право и меѓународни
човекови права, Сојузно правосудно биро, Сојузно министерство за полиција и правда, советници;
(б) за здружението жалител
Г-динЕ. Елкаим (E. Elkaim), адвокат,
Г-динН. Бланк (N. Blanc), адвокат соработник,адвокат,
Г-динМ.П. Шабло (M.P. Chabloz), поглавар и гласноговорник
на Швајцарското раелистичко движење,советник.
Судот ги сослуша обраќањата на г-динот Елкаим и г-динот Шурман, како и нивните одговори на одредени прашања поставени од судиите.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
А. Здружението жалител и Раелистичкото движење
10. Здружението жалител кое било формирано во 1977 г. е непрофитно здружение регистрирано во Рена (Кантонот Во). Тоа е националниот огранок на Раелистичкото движење, организација со седиште во Женева основана во 1976 г. од Клод Воријо, познат како „Раел“. Според неговиот статут, неговата цел била да се направи прв контакт и да се воспостават добри односи со вонземјаните.
11. Според информациите достапни на веб страницата на здружението жалител во времето на усвојувањето на актуелнава пресуда, доктрината на Раелистичкото движење се засновала на наводниот контакт на Раел со „Елохим“, вонземјани со „напредна технологија“, за кои се вели дека го создале животот на земјата и низа од светските религии, вклучително Христијанството, Јудаизмот и Исламот. Следбениците на Раелистичкото движење веруваат дека научниот и технолошки напредок се од темелна важност и дека клонирањето и „префрлањето на свеста“ ќе му овозможат на човекот да стане бесмртен. Во врска со ова Раелистичкото движење има изразено мислења наклонети кон клонирањето на луѓе.
12. Некои текстови на Раелистичкото движење и дела напишани од самиот Раел се залагаат за систем на владеење наречен „гениокрација“, доктрина според која власта треба да им се довери само на оние личности кои имаат највисоко ниво на интелигенција.
13. Во својата книга Сензуална медитација (Sensual Meditation) Раел го дефинира овој концепт како „прирачник“ за луѓето даден од вонземјаните, кој на секој му овозможува „да го открие сопственото тело, и особено да научи како да го користи за да ужива во звуците, боите, мирисите, вкусовите, милувањата и делумно сексуалноста почувствувани со сопствените сетила, за да доживеат космички оргазам, бескраен и апсолутен, кој го просветлува умот со тоа што ќе го поврзе оној што посегнува со вселената од која тој/таа е сочинет и ја сочинува“.
Б. Релевантната постапка
14. На 7 март 2001 г. здружението жалител побарало одобрение од полициската управа на градот Ношател („полициската управа“) да спроведе кампања со плакати во периодот меѓу 2 и 13 април 2001 г. Плакатот во прашање бил 97 см на 69 см, со следниве зборови испишани со големи жолти букви на темна сина позадина во горниот дел од плакатот: „Порака од вонземјаните “; во долниот дел од плакатот, со букви со иста големина но подебели, можела да се види адресата на веб страницата на Раелистичкото движење, заедно со телефонски број во Франција; на самото дно била фразата „Науката најпосле ја заменува религијата“. Во средината на плакатот имало слики на лица на вонземјани и пирамида, заедно со летачка чинија и Земјата.
15. На 29 март 2001 г. полициската управа не дала одобрение упатувајќи на две претходни одбивања. Било посочено во еден француски парламентарен извештај за секти кој датирал од 1995 г., и во пресуда на претседателот на Граѓанскиот суд за округот на Ла Сарин (Кантонот Фрибур) дека Раелистичкото движење било вклучено во активности кои биле спротивни на јавниот ред (ordre public) и неморални.
16. Во одлука од 19 декември 2001 г. општинскиот совет на градот Ношател ја отфрлил жалбата на здружението жалител одлучувајќи дека не може да се потпира на заштитата на религиозната слобода бидејќи се сметала за опасна секта. Попречувањето на слободата на изразување се засновало на членот 19 од Управната регулатива на градот Ношател („Регулативата“); неговата цел била да се заштити јавниот интерес и било сразмерно, бидејќи организацијата се залагала, меѓу другото за клонирање на луѓе, „гениократија“ и „сензуална медитација“.
17. На 27 октомври 2003 г. Управата за управување со земјиштето на Ношател ја потврдила таа одлука. Таа забележала дека, за Раелистичкото движење, животот на земјата бил креиран од вонземјани, кои исто така биле основачи на различните религии и кои можеле да го спасат светот, и прифатила дека ова достигнало до религиозно убедување заштитено од слободата на совест и убедувањето. Понатаму прифатила дека Регулативата давала доволно правна основа по таквите прашања. Управата забележала дека немало ништо навредливо во текстот и сликата на плакатот или во алузијата за вонземјаните. Меѓутоа посочила на фактот дека Раелистичкото движење се залагало за „гениократија“ (политички модел заснован на интелигенција) и клонирање на луѓе. Исто така, во пресудата од 13 февруари 1998 г. Кантоналниот суд на Фрибур одлучил дека движењето исто така „теоретски“ поддржувало педофилија и инцест, особено во делата на самиот Раел. Праксата на „сензуална медитација“ исто така лесно можела да доведе со злоупотреба. Дополнително, веб страницата на Клонаид, чиј линк постоел на веб страницата на Раелистичкото движење, нудел конкретни услуги во областа на клонирањето, а поимот на евгеника бил спротивен на принципот на недискриминација. Плакатот за кампањата бил штетен по моралот и правата на другите. Во секој случај Раелистичкото движење имало други начини за ширење на своите идеи.
18. Здружението жалител се жалело до Управниот суд на Кантонот Ношател. Тоа тврдело меѓу другото дека чистата одбрана на „гениократијата“, клонирањето и сензуалната медитација не биле навредливи мислења. Исто така, тоа тврдело дека движењето се откажало од педофилијата преку своето здружение Нопедо. Одбивањето на властите да го одобрат нивниот плакат на тој начин достигнал чиста и проста цензура, особено со оглед дека веб страницата на здружението жалител во секој случај била достапна преку пребарувачите.
19. Во пресуда од 22 април 2005 г. Управниот суд ја отфрлил жалбата меѓутоа откако признал дека здружението жалител бранело глобална визија за светот и имало право и на слобода на мислење и право на верска слобода. Тој одлучил дека оспорената мерка се засновала врз Управната регулатива, која претставувала закон во суштинска смисла, и дека плакатот морал да биде проценет поврзано со пораката пренесена во книги и на веб страници до кои можело да се дојде преку веб страницата на движењето. Услугите понудени од Колнаид биле евидентно спротивни на швајцарскиот јавен ред. Судот понатаму забележал дека кривични жалби биле поднесени против Раелистичкото движење во кои се тврдело постоење на сексуални пракси насочени кон систематско корумпирање на млади тинејџери. Содржината на делата за „гениократијата“ и „сензуалната медитација“ можела да наведе некои возрасни лица кон сексуално злоставување на деца, бидејќи детето во некои дела е опишано како „привилегиран сексуален предмет“. Коментарите за „гениократијата“ и критиката на современите демократии имало шанса да ги поткопаат јавниот ред, безбедност и моралност. Од овие причини Управниот суд заклучил дека не било оправдано да се одобри ширење на такви идеи на јавен автопат.
20. Здружението жалител поднело жалба во однос на јавното право против пресудата на Сојузниот суд, со која се барало истата да се укине и случајот да се врати назад кај надлежниот орган за одново да одлучи.
21. Во пресуда од 20 септември 2005 г. која му била врачена на здружението жалител на 10 октомври 2005 г. Сојузниот суд ја отфрлил жалбата. Релевантните пасуси го велат следново:
„Управата, и последователно Управниот суд признава дека здружението [жалител] можело да се потпре на правото на слобода на вероисповед (чл. 15 од Уставот, чл. 9 од ЕКЧП и чл. 18 од Пактот II на ОН), со оглед дека бранело глобална визија за светот, особено што се однесува до неговото создавање и потеклото на различните религии. Градот Ношател го оспорува ова, забележувајќи дека целта на здружението [жалител] како што било дефинирано во членот 2 од Уставот, не била религиозна по својата природа. Според извештајот за „сектите“ изготвен во 1995 г. за француското Национално собрание, Раелистичкото движење е класифицирано меѓу движењата кои биле опасни за личноста, особено што се однесува до претераните финансиски барања до нивните членови и практиките кои предизвикувале телесни повреди, како и опасноста по заедницата, особено преку антисоцијалниот дискурс. Многу од публикациите на движењето содржат делови кои се опишани како навредливи.
Нема никаква потреба да се утврди дали едно религиозно движење може, на сметка на опасностите што ги претставува, да биде спречено да се потпира на правото на слобода на вероисповед или дали здружението [жалител] претставувало таква опасност. Навистина, страните се согласуваат дека [жалителот] има право да се потпре на правото на слобода на мислење. Што се однесува до условите во кои таквата слобода може да биде ограничена, како што е утврдено во членот 36 од Уставот, не прави голема разлика дали се потпира врз членот 15 или членот 16 од Уставот (види исто така во членот 9 § 2 и членот 10 § 2 ЕСЧП). [Жалителот] не тврди дека оспорената мерка ја попречува самата суштина на религиозната слобода или дека ограничувањата во однос на слободата, во околностите на случајот, подложат на построги услови. Напротив, [жалителот] се потпира на принципите на пропорционалност и јавен интерес без да прави разлика во однос на уставното право на кое се повикува.
...
5.2 Според судската пракса, граѓаните немаат безусловно право на проширено користење на јавен простор, особено кога рекламирањето на јавен автопат вклучува активност од одреден размер и времетраење, и исклучува секаква слична употреба од трети странки (пресуда на Сојузниот суд 128 I 295 точка 3c/aa стр. 300 и пресудите цитирани таму). Кога сака да дозволи продолжено или приватно користење на јавен простор или кога ги надгледува условите под кои се користи дозволата, државата мора сепак да ја земе во предвид, во балансирањето на интересите во прашање, суштинската содржина на правото на слобода на изразување (пресуда на Сојузниот суд 100 Ia 392 точка 5 стр. 402).
5.3 Во актуелниот случај, основата што е дадена од Кантоналниот суд како потврда за одбивањето од страна на Градот Ношател е поврзано со почитувањето на моралот и швајцарскиот правен поредок. Управниот суд зазеде гледиште дека било неопходно да се земе во предвид не само содржината на плакатот туку исто така и идеите што се пренесуваат од страна на Раелистичкото движење, заедно со делата и веб страниците на кои може да се пристапи од веб страницата на движењето. Три различни критики на тој начин се упатени против здружението [жалител]. Најпрво веб страницата на здружението [жалител] содржи линк до Клонаид, преку кој оваа компанија нуди одредени услуги на општата јавност поврзани со клонирање, а на почетокот од 2003 г. најави раѓање на клонирани бебиња. Клонирањето е забрането според швајцарското право согласно членот 119 од Уставот и Законот за медицински потпомогната репродукција (RS 814.90). Второ, Управниот суд упати на пресудата на Окружниот суд на Ла Сарин, кој спомнал можно сексуално злоставување на деца. Бројни членови на движењето исто така биле предмет на истраги на полицијата заради нивните сексуални практики. Трето, промовирањето на ‘гениократијата’, доктрина според која власта треба да им се даде на најинтелигентните поединци, и последователно критиката насочена против современите демократии, можеле да го поткопаат јавниот ред, безбедност и морал.
5.4 [Жалителот] повеќе не оспорува, во оваа фаза, постоење на достаточна правна основа, имено, во овој случај членот 19 од Регулативата. Општинските подзаконски акти ги нудат истите гаранции во смисла на демократската легитимност, како кантонални закон, и на тој начин претставуваат доволна правна основа (пресудата 1P.293/2004 од 31 мај 2005, точка 4.3, пресуда на Сојузниот суд 131 I xxx; пресуда на Сојузниот суд 122 I 305, точка 5a, p. 312; 120 Ia 265, точка 2a, pp. 266-267 и упатувањата цитирани таму). Меѓутоа [жалителот] се повикува на начелото на јавен интерес и ги критикува тужените органи дека отишле подалеку од содржината на плакатот и се впуштиле во проценка на активностите на здружението [жалител]. Тоа тврдеше дека доколку генерално се впуштило во неморално однесување или повреда на јавниот ред, би било распуштено од судовите согласно членот 78 од Граѓанскиот законик. Доколку не била донесена таква одлука не можело да им се забрани да ја рекламираат својата филозофија и визија за светот.
5.5 Плакатот сам по себе не содржи ништо, било во својот текст или во своите илустрации што било незаконско или можно да ја навреди општата јавност. Над централниот цртеж кој претставува вонземјани има текст ‘Порака од вонземјаните’, без никакво објаснување. Под тоа адресата на веб страницата на здружението [жалител] и телефонски број отпечатени со дебели букви. Фразата ‘Науката конечно ја заменува религијата’ може да се признае дека може да биде навредлива за религиозните убедувања на одредени лица, но е чисто израз на доктрината на движењето и не може да се опише како особено провокативна.
На тој начин на плакатот како целина јасно може да се гледа како на покана да се посети веб страницата на здружението [жалител] или да се контактираат по телефон. Соочени со таква реклама властите мораат да ја проверат не само прифатливоста на пораката на рекламата како таква, туку исто така и на нејзината содржина. Затоа е легитимно да се утврди дали веб страницата во прашање може да содржи информации, податоци или линкови кои можат да ги навредат луѓето или да го прекршат законот.
Исто така спротивно на тврдењето на [жалителот] едно здружение може да се критикува за мислења или активности кои без да претставуваат основа за распуштање во рамките на значењето на членот 78 од Граѓанскиот законик, сепак да оправда ограничување во рекламирањето.
5.5.1 Што се однесува до клонирањето, не биле казнети мислењата изразени од здружението [жалител] во корист на таквите практики (особено во книгата Да, за клонирањето на луѓе (Yes to Human Cloning), објавена во 2001 г. и достапна преку веб страницата на [жалителот]), туку линкот до компанијата Клонаид, поставен од самото здружение, која нуди различни практични услуги во оваа област за пари. Прашањето на тој начин не е само спротивно на она што [жалителот] тврдел, изразување на наклонето мислење во однос на клонирањето, заштитено од членот 16 од Уставот, туку и практикување на таквата активност, прекршувајќи ја забраната на истото согласно членот 119 § 2 (а) од Уставот. Таа одредба, усвоена во 1992 г. од страна на мнозинството население и швајцарските кантони (во форма на членот 24 novies (a) од Уставот), пред сè потпаѓа во рамките на политиката за заштита на човековото достоинство, според идејата што е општо прифатена во оваа земја (FF 1996 III 278; исто така види го одговорот на Сојузниот суд на прашање од Р. Гонсет од 9 јуни 1997 г.). [Жалителот] не ја оспорува незаконитоста на клонирањето на луѓе, особено доколку се врши заради комерцијална добивка (членот 36 од Законот за медицински помогната репродукција; член 119 § 2 (е) од Уставот). Ниту пак сериозно може да го оспори фактот дека линкот до веб страницата на Клонаид придонесува за промовирањето на незаконска активност, и оди подалеку од чисто изразување на мислење. Во однос на тоа, што веќе ја оправдува одлуката согласно жалбата, [жалителот] не изнесе никаков вистински и релевантен аргумент во рамките на значењето на членот 90 § 1 (б) од Законот за судска организација.
5.5.2 На 15 октомври 2003 г. Информативниот центар за меѓукантонски верувања обезбедил информации за Раелистичкото движење. Информациите покажуваат, меѓу другото, дека движењето наводно има политичка мисија. Буквално ги напаѓа демократиите, кои се нарекуваат ‘медиократии’, го брани поимот за ‘гениократија’, политички модел заснован на нивото на интелигенција на поединците. Една светска влада би се состоела од генијалци избрани од поединци чија интелигенција е 10% повисока од просекот. Според општото признание ‘гениократијата’ е претставена како утопија, а не како вистински политички проект; спротивно на наодот на Управниот суд, оваа доктрина се чини дека не може да го поткопа јавниот ред или сигурност.
Меѓутоа, покрај фактот дека доктрината се чини дека во голема мерка е инспирирана од евгениката, таа евидентно може да ги навреди демократските и недискриминирачки убедувања кои се во суштината на владеењето на правото (види ја, особено, формулацијата на преамбулата на Сојузниот устав од 18 април 1999 г. заедно со членот 8 од Уставот во врска со еднаквоста и забраната на дискриминацијата).
5.5.3 Конечно според пресудата која е обжалена, не може да се смета дека Раелистичкото движење се залага за педофилија. Меѓутоа бројни членови наводно биле под истрага на полицијата заради нивните сексуални практики. Според пресудата усвоена на 28 ноември 1997 г. од страна на Окружниот суд од Ла Сарин, во врска со правото на одговор баран од Швајцарското раелистичко движење, забелешките на Раел во неговите дела можеле да наведат одредени возрасни лица да извршат чинови на сексуално злоставување врз деца. Пресудата цитира делови од делата на Раел кои можат да се симнат од веб страницата на здружението [жалител], според кои сексуалното образование на децата не треба да биде само теоретско туку треба да се состои од сензуално образование насочено кон тоа да им се покаже како да дојдат до задоволство од него. Таа пресуда понатаму посочува дека без разлика на отфрлањата кои последователно биле дадени во однос на ова, одредени написи објавени во тримесечниот билтен Апокалипса (Apocalypse) го опишувале детето како ‘привилегиран сексуален предмет’. Конечно, се вели дека пријател и член на Раелистичкото движење биле осудени на пет години затвор од Поротниот суд на Воклиз заради сексуален напад врз дванаесетгодишно девојче. Пресудата била потврдена на 13 февруари 1998 г. од страна на Кантоналниот суд во Фрибур. Обичајна жалба и жалба по јавното право на Раелистичкото движење биле отфрлени на 24 август 1998 г. од страна на Сојузниот суд земајќи ги особено во предвид двосмислените пишувања на основачот или членовите на движењето (пресудите 5P.172/1998 и 5C.104/1998).
Самиот случај исто така содржи и различни документи во врска со кривичните постапки поднесени против членови на [здружението жалител] за сексуален напад. Пресуда од 24 јануари 2002 г. од Апелациониот суд во Лион јасно покажува дека чинови на сексуално злоставување биле извршени од водачи на движењето врз малолетни лица. На тој начин се вели дека водачите на движењето се залагаат за ‘широка сексуална слобода, силно охрабрувајќи извршување на чинот’; на тој начин тие ги корумпираат младите тинејџери со наводен филозофски дискурс, со сè поголемо посебно сексуално милување и преку нивно сè посилно стимулирање да ги задоволат ‘своите сексуални потреби и фантазии со млади девојчиња коишто само што наполниле петнаесет години и кои менувале партнери многу брзо’.
Фактот дека оспорените членови датираат од осумдесеттите години од XX век и дека немало осудителни пресуди во Швајцарија не ја негира инволвираноста на членови на здружението [жалител] во чинови кои водат кон кривични казни. [Жалителот] не го оспорува фактот дека одредени пасуси во книгите кои се достапни на веб страницата можат да ги наведат возрасните да злоупотребуваат деца. Во однос на тоа аргументите на [жалителот] не се осврнуваат на основите поставени во одлуката која е предмет на жалбата. Бидејќи чинови на злоставување навистина биле евидентирани за одредени членови на Раелистичкото движење, аргументот дека педофилијата строго се осудува од официјалната доктрина на движењето не е одлучен.
5.6 Со оглед на горекажаното, одбивањето што му било издадено на [жалителот] се чини дека е оправдано со доволно основа во јавниот интерес, бидејќи е неопходно да се спречи извршувањето на чинови кои претставуваат кривични дела согласно швајцарското право (репродуктивно клонирање и сексуални чинови со деца). Исто така одредени пасуси во делата достапни преку веб страницата на [жалителот] (особено што се однесува до ‘сензуалното будење’ на децата и ‘гениократијата’) постои веројатност дека се сериозно навредливи за читателите.
5.7 [Жалителот] се повикува на принципот на пропорционалност. Тој посочува дека самиот плакат не содржи ништо што се спротивно на јавниот ред и тврди дека мерката не е соодветна на целта кон која се стреми.
5.7.1 Во согласност со членот 36 § 3 од Конвенцијата, секакво ограничување на основното право мора да биде сразмерно на целта кон која се стреми. Мора да одговара на исполнувањето на таа цел и секаква повреда на приватни интереси мора да се сведе на минимум (пресуда на Сојузниот суд 125 I 474, точка 3, стр. 482 и упатувањата цитирани таму).
5.7.2 Во актуелниот случај јавниот интерес не се состои само од ограничување на публицитетот што и се дава на веб страницата на здружението [жалител], со оглед на резервите изразени горе за јавниот ред и морал; уште поважно е да се обезбеди државата да не обезбеди никаква поддршка за таквиот публицитет со тоа што ќе му додели јавен простор, што може да сугерира дека ги прифаќа или толерира мислењата или однесувањето во прашање. Од таа гледна точка забраната на плакатот е соодветна за целта кон која се стреми. Исто така мерката што е критикувана од [жалителот] е ограничена на поставувањето на плакати на јавни места. Здружението [жалител] и понатаму е слободно да ги изразува своите убедувања со примена на други средства на комуникација кои им се на располагање (види ја пресудата во случајот Марфи (Murphy) од 10 јули 2003 г., ECHR 2003-IX, p. 33, § 74).
5.7.3 [Жалителот] зазеде гледиште дека органот требал да сугерира да направат измени на плакатот за содржината да биде прифатлива. Меѓутоа, иако бил свесен за приговорите против неговата кампања со плакати, самиот [жалител] никогаш не предложил верзија на плакатот која би можела да биде прифатена. Управниот суд од своја страна утврдил дека плакатот требал да биде забранет дури и без упатување на веб страницата, но ова се чини дека е дискутабилно; меѓутоа не постои никаков сомнеж дека отстранувањето на адресата во прашање би ја лишило кампањата со плакат од нејзиниот предмет, на кој, како што било прикажано, бил суштински да се рекламира самата веб страница. Затоа е тешко да се види какво значење, кое би можело да се разбере, би имал плакатот без тоа упатување на веб страницата и телефонскиот број.
5.7.4 Затоа оспорената мерка го почитува принципот на пропорционалност во сите свои аспекти. Тој од истите причини претставува ограничување кое е неопходно ‘во едно демократско општество’, особено за заштита на моралот во рамките на значењето на членот 9 § 2 од членот 10 § 2 од ЕКЧП.“
В. Кампањата со плакатот на здружението [жалител] во други швајцарски градови
22. Плакати со сличен дизајн на засегнатиот од актуелниов случај – исто така со адресата на веб страницата на Раелистичкото движење и телефонски број но со различен текст, имено ‘Вистинското лице на Господ’ – биле одобрени во декември 1999 г. во повеќе швајцарски градови, како што се Цирих и Лозана. Здружението [жалител] исто така можело да спроведе понатамошни кампањи со плакати со друг дизајн – од кои некои ја посочувале адресата на веб страницата на Раелистичкото движење – меѓу 2004 и 2006 година во различни швајцарски помали и поголеми градови освен Ношател. Меѓутоа во октомври 2004 г, градскиот совет на Делемон одбил да дозволи плакат со зборовите „Господ не постои“ кој здружението жалител сакало да го постави.
II. РЕЛЕВАНТНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Домашното право
1. Уставот
23. Членот 119 од Сојузниот устав од 18 април 1999 г. се однесува на репродуктивната медицина и генетската технологија која се применува кај луѓето. Таа одредба го вели следново:
„Луѓето се заштитени од злоупотреба на репродуктивната медицина и генетската технологија.
Конфедерацијата законски ја регулира употребата на човечкиот репродуктивен и генетски материјал. При тоа ќе обезбеди заштита на човечкото достоинство, приватност и семејство и ќе се придржува особено на следниве принципи:
(а) Сите форми на клонирање и интерференција на генетски материјал од човечки репродуктивни клетки и ембриони е нелегално.
(б) Репродуктивен и генетски материјал кој не е човечки не може ниту да се внесе ниту да се комбинира со репродуктивен материјал од човечко потекло.
(в) Методи на медицински помогната репродукција можат да се користи само ако не постои друг начин за справување со неплодност или ризик од пренесување на сериозна болест, но не за да се зачне дете со одредени карактеристики или за истражувачки цели; оплодувањето на човечки јајце клетки надвор од телото на жената е дозволено само под условите утврдени со законот; не можат да се развијат повеќе јајце клетки во ембриони надвор од телото на жената од бројот што може веднаш да се всади.
(г) Донации на ембриони и сите форми на сурогат мајчинство се сметаат за незаконски.
(д) Трговијата со човечки репродуктивен материјал и производи добиени од ембриони е забранета.
(ѓ) Генетскиот материјал на едно лице може да се анализира, евидентира или да се објави само со согласност на засегнатото лице или доколку законот тоа го уредува.
(е) Секој ќе има пристап до податоци поврзани со неговото потекло.“
24. Во одговорот од 21 мај 2003 г. до член на швајцарскиот Национален совет, кој прашал дали треба да се преземат мерки против Раелистичкото движење согласно ставот (а) од тој член, Сојузниот совет изјавил:
„Со оглед дека во Швајцарија Раелистичкото движење чисто повикува на општествено признавање на техниките на клонирање – или на подигнување на забраната за клонирање – неговата активност потпаѓа под слободата на мислење...“
2. Управната регулатива на Ношател
25. Во Ношател, како и во други швајцарски општини поставувањето плакати на јавни простори е доделено на приватна компанија. Општинскиот совет на една таква компанија и дал одобрение за оваа цел согласно Управната регулатива од 17 јануари 2000 г., во која релевантните одредби го велат следново:
Член 18
„1. Поставувањето на билборди и рекламни панели на јавни места, и во приватни простори видливи од јавни простори, ќе подложи на претходно одобрение.
2. Таквото одобрение ќе се даде само доколку се исполнети урбанистичките и безбедносните услови.“
Член 19
„1. Полицијата може да забрани плакати коишто се незаконски или неморални.
2. Флипостинг e забрането.“
Член 20
„Ексклузивно право во однос на плакатите што се изложени на просторот на општината може да се додели од страна на општинскиот совет.“
Б. Меѓународно право
26. Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината, исто така позната како „Конвенција за човековите права и биомедицината“, отворена за потпишувања на 4 април 1997 г. во Овиедо („Конвенцијата од Овиедо“), стапила на сила на 1 декември 1999 г. За Швајцарија започнала да се применува од 1 ноември 2008 г.
27. Дополнителниот протокол на Конвенцијата од Овиедо бил отворен за потпишување на 12 јануари 1998 г. во Париз, стапил на сила на 1 мај 2006 г. и започнал да се применува за Швајцарија од 1 март 2010 г. Тој забранува „секакви интервенции кои се обидуваат да создадат човечко суштество генетски идентично на друго човечко суштество, живо или мртво“.
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 10 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
28. Здружението жалител тврдеше дека мерките усвоени од швајцарските власти за забрана на изложување на нивните плакати го прекршиле неговото право на слобода на изразување како што е гарантирано во членот 10 од Конвенцијата. Таа одредба го вели следново:
„1. Секој човек има право на слобода на изразувањето Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. ...
2. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучуваат обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на обелоденување на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.“
А. Прелиминарен приговор на Владата
29. Во своите писмени и усни изјаснувања пред Големиот судски совет, Владата побара од Судот да ја прогласи жалбата за недопуштена бидејќи била евидентно лошо заснована. Според изјаснувањето на Владата Судот можел да прогласи една жалба за евидентно лошо заснована ако била испитана во суштина од надлежните национални тела, во постапки кои ги исполниле сите услови на правичност, и не биле своеволни. Владата нагласи дека во таков случај Судот не треба за ја замени својата проценка на фактите со таа на бројни национални органи кои одлучувале во рамките на постапките во прашање.
30. Судот повторува дека во контекст на членот 43 § 3 од Конвенцијата, „случајот“ кој му бил упатен на Големиот судски совет ги покрива сите аспекти на апликацијата кои биле прогласени за допуштени од страна на Судскиот совет (види, меѓу другите извори, K. and T. v. Finland [GC], no. 25702/94, § 141, ECHR 2001‑VII). Меѓутоа, дури и после одлуката на Судскиот совет со која се прогласува жалбата за допуштена, Големиот судски совет може исто така да ги испита, кога тоа е соодветно, прашањата поврзани со допуштеноста на жалбата, на пример на основ на членот 35 § 4 in fine од Конвенцијата, кој го овластува Судот да „одбие секаква жалба која ја смета за недопуштена ... во секоја фаза од постапките“, или кога таквите прашања биле додадени на основаноста или кога на некој друг начин биле релевантни во фазата на основаноста (види К. и Т. против Финска,цитиран горе, § 141, и Perna v. Italy [GC], no. 48898/99, §§ 23-24, ECHR 2003‑V).
31. Во актуелниов случај, Големиот судски совет би посочил дека Судскиот совет во својата пресуда го зазел ставот дека жалбата не била „евидентно лошо заснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата“ (види во параграф 22 од Пресудата на Судскиот совет). Тој не гледа никаква причина да отстапи од таквиот заклучок, особено со оглед дека прашањата покренати од Владата во врска со ова се порелевантни за разгледување на основаноста.
32. Соодветно на тоа Судот го отфрла прелиминарниот приговор на Владата.
Б. Придржување на членот 10 од Конвенцијата
1. Пресудата на Судскиот совет
33. Во својата пресуда од 13 јануари 2011 г. Судскиот совет најпрво одлучи дека забраната на плакатите во прашање претставувала попречување на слободата на изразување на здружението жалител. Според гледиштето на Судскиот совет попречувањето било пропишано со закон и се водело од легитимни цели за спречување на кривични дела, заштита на здравјето и моралот и заштита на правата на другите. Потоа, осврнувајќи се на потребата од попречување, Судскиот совет откако забележал дека се нашол соочен за прв пат со прашањето дали домашните власти треба да му дозволат на едно здружение, со тоа што ќе му го стават на располагање јавниот простор, да ги шири своите идеи преку кампања со плакати, нагласи дека иако не било спорно дека плакатот во прашање не содржел ништо нелегално или шокантно, било во текстот или во неговите илустрации, тој ја прикажувал адресата на веб страницата на здружението жалител. Земајќи го во предвид општиот контекст на плакатот и особено идеите кои се пренесуваат на веб страницата и линковите на други веб страници од таа веб страница, Судскиот совет посочи дека современите средства на пренесување на информации и фактот дека им биле достапни на сите, вклучително и на малолетници би го мултиплицирале влијанието на кампањата со плакатот. Забележувајќи дека швајцарските судови внимателно ги образложиле своите одлуки и исто така го зеле во предвид ограничениот опсег на оспорената забрана, која не се однесувала на самото здружение или на нивната веб страница, Судскиот совет го зазело гледиштето дека надлежните власти не ја пречекориле широката маргина на дискреционото право што им било дадено во однос на регулирањето на проширеното користење на јавниот простор. Судскиот совет оттука одлучи дека немало повреда на членот 10 од Конвенцијата.
2. Изјаснување на странките и на третите странки што интервенираа
(а) Здружението жалител
34. Здружението жалител на самиот почеток нагласи дека, со тоа што утврдил дека Швајцарија имала толку широка маргина на дискреција во регулирањето на проширената употреба на јавниот простор, Судскиот совет ја одобрил дискреционата политика на релевантните власти. Оттука ќе било доволно за еден град или држава да каже дека не сака неговото или нејзиното име да биде поврзано со одредени немнозински но законски идеи за да се оправда систематско одбивање и спречување на изразување на такви идеи јавно и континуирано. Здружението жалител во овој контекст упатило на ставот усвоен од Судот во случајот Жените за сопругите и други против Португалија (Women On Waves and Others v. Portugal (no. 31276/05, 3 February 2009)), каде Судот ја критикувал забраната на ширењето на идеи спротивни на тие на мнозинството. Слично на тоа, во пресуда од 22 февруари 2011 г. (no. 1 BvR 699/06) германскиот Уставен суд го отфрлил аргументот дека забраната за дистрибуција на летоци со кои се критикувала политиката за депортирање на еден аеродром била оправдана за да се одржи пријатна атмосфера. Тој суд понатаму одлучил дека не можел да прифати забрани чија намера била да се спречи изразувањето на мислења со кои не се согласувале властите.
35. Здружението жалител тврдело дека било законски формирано здружение согласно швајцарските закони и дека никогаш немало никакви кривични санкции против него или каква било мерка преземена за негова забрана. Во своето изјаснување, бидејќи не било оспорено дека оспорениот плакат сам по себе не содржел ништо што било нелегално или можело да ја навреди јавноста, основата на забраната за плакатот произлегувала од фактот дека плакатот упатувал на веб страницата на Раелистичкото движење и на тој начин воспоставувал врска со идеите изразени на таа веб страница. Здружението жалител тврдело дека се нашло во ситуација во која биле спречени да ги шират своите идеи преку плакати врз основ дека постоеле други средства за комуникација што можеле да ги користат, особено Интернетот, но кога ја изложиле адресата на својата веб страница на плакат, им било забрането да го сторат тоа под изговор дека тоа креирало врска со нивните идеи кои наводно биле опасни за јавноста. Во изјаснувањето на здружението жалител, пристапот што го зазеле швајцарските власти, а кој бил одобрен и од Судскиот совет достигнал ниво на претерано комплицирање, па дури и спречување на секаков публицитет или ширење на своите идеи.
36. Што се однесува до тие идеи, за кои швајцарските власти и Судскиот совет одлучиле дека можат да ја оправдаат забраната на плакатот, здружението жалител повтори дека немало ништо незаконско во изразувањето на наклонети гледишта во врска со клонирањето или ‘гениократија’. Тоа посочи дека иако изразувало мислења наклонети кон клонирањето, никогаш не зело учество во терапевтски или експериментални чинови поврзани со клонирањето на луѓе. Што се однесува до концептот на ‘гениократија’ тоа се изјасни дека попречувањето на неговите права било уште посериозно бидејќи ниту оспорениот плакат, ниту веб страницата на Раелистичкото движење не упатувале на тоа. Здружението жалител објасни дека овој концепт произлегол од книга рекламирана на веб страницата која содржела филозофски мислења и дека секој бил слободен да се согласи или да не се согласи со нив.
37. Осврнувајќи се на тврдењата дека идеите на Раелистичкото движење поттикнувале сексуална злоупотреба, здружението жалител тврдеше дека ниту полицијата ниту судските органи никогаш не морале да реагираат на ниеден случај на педофилија или сексуално злоставување што на некаков начин биле поврзани со движењето или еден од нејзините членки. Тие тврдеа дека напротив секогаш, без двоумење, ги протерувале сите членови за кои имало и најмал сомнеж за однесување спротивно на законите за заштита на малолетници.
38. Здружението жалител заклучи дека немало никаква ургентна потреба за забрана на плакатот чисто заради тоа што на него се споменува веб страница. Посочувајќи дека членот 10 од Конвенцијата исто така ја штитела формата во која идеите биле пренесувани (тие ја цитираа Thoma v. Luxembourg, no. 38432/97, § 45, ECHR 2001‑III), и споделувајќи го мислењето на несогласување на судиите Розакис и Вајиќ, според кои маргината на дискреционото право била потесна кога се работело за негативни обврски (Жените за сопругите и други, цитиран горе, § 40), здружението жалител тврдеше дека во актуелниот случај имало повреда на членот 10 од Конвенцијата.
(б) Владата
39. Владата во целост се согласи не само со темелните принципи на слободата за изразување нагласена од страна на Судскиот совет, туку исто така и со примената на тие принципи. Во своето изјаснување Судскиот совет исправно ги балансирал интересите во прашање. Тие тврдеа дека треба да се земат во предвид следниве работи.
40. Најпрво што се однесува до јавниот простор Владата тврдеше дека поединци немале безусловно право на проширено користење на таквиот простор, особено со цел рекламирање на активност што инволвира, со одреден размер и времетраење, исклучување на секаква слична употреба на просторот од трети страни. Посочувајќи дека оспорениот плакат не бил од политичка природа, Владата се согласи со наодите на домашните власти, особено гледиштето дека било неопходно да се испита не само пораката на рекламата како таква, туку исто така и неговата содржина, со тоа вклучувајќи го и упатувањето на веб страницата. Во врска со ова Владата го одобрила објаснувањето на Судскиот совет дека влијанието на плакатот би било мултиплицирано како резултат на упатувањето на адресата на веб страницата на Раелистичкото движење.
41. Што се однесува до опсегот на маргината на дискреција Владата нагласи дека идеите што се дистрибуирани во различните публикации добиени преку веб страницата на Раелистичкото движење имале капацитет да ги навредат религиозните убедувања на одредени лица, и дека властите имале широка маргина на дискреција во таа сфера (тие го цитираа Murphy v. Ireland, no. 44179/98, § 67, ECHR 2003‑IX). Во врска со ова Владата го критикуваше мислењето на несогласување приложено на пресудата на Судскиот совет, сметајќи дека тоа ставило преголема тежина на разликата меѓу позитивните и негативните обврски кои го утврдувале опсегот на маргината на дискреција. Во изјаснувањето на владата, актуелниот случај потпаѓал во категоријата на случаи каде карактеризирањето на обврската како негативна или позитивна зависело од тоа како прашањето било формулирано: дали властите биле критикувани за тоа што направиле нешто или за тоа што не направиле нешто. Тие признаа дека би било различно доколку за разлика од состојбата во актуелниот случај пристапот до јавен простор не подложел на никакви ограничувања или одобренија.
42. Осврнувајќи се на испитувањето на легитимните цели кон кои се стреми оспореното ограничување, Владата се согласи со анализата на Судскиот совет која ги одобри аргументите на четирите национални органи повикани да го разгледаат одбивањето издадено од полицијата до здружението жалител. Што се однесува до мислењата на здружението жалител за „сензуалното будење“ на децата, Владата упати на различни постапки покренати против членови на Раелистичкото движење за чинови на сексуално злоставување (Поротниот суд на Воклиз, Лион и Апелациониот суд на Колмар, истражниот судија во Версај). Според нив таа листа на одлуки силно укажувала дека одредени пасуси од публикациите кои можеле да се добијат преку веб страницата на движењето можеле да ги наведат возрасни лица да извршат чинови на сексуално злоставување на деца.
43. Што се однесува до прашањето на клонирање Владата го насочи вниманието на односот меѓу здружението жалител и компанијата Клонаид воспоставен од Раел, кои наводно нуделе различни практични услуги за пари во сферата на клонирање, пракса забранета од Сојузниот устав и кривичното законодавство. Постоењето на линк на веб страницата на Клонаид придонесувало за промовирање на незаконска активност, и на тој начин се одело подалеку од чисто изразување на мислење.
44. Што се однесува до ‘гениократија’ Владата посочи дека, без и да се посочи поткопување на јавниот ред или безбедност, овој концепт можел да ги навреди демократските и анти-дискриминирачките убедувања на кои се засновал принципот на владеење на правото. Тие се согласија со Сојузниот суд дека иако ‘гениократија’ може да се смета за утопија, а не реален политички проект, се чинело дека во голема мерка е инспирирана од евгениката и главно спротивна на демократските принципи.
45. Владата на крајот забележа дека опсегот на забраната бил ограничен. Согласувајќи се со ставот на Судскиот совет во врска со ова, тие го зазедоа гледиштето дека здружението жалител не било спречено да ја шири својата доктрина преку бројните други средства на комуникација што му биле достапни, вклучително Интернетот. Владата нагласи во врска со ова дека никогаш не се работело за забрана на веб страницата на Раелистичкото движење или пак на самото движење. Меѓутоа тие го зазедоа гледиштето дека треба да се направи разлика меѓу целта на здружението, која може да биде законска, и средствата што се користат за истата да се постигне, а кои од своја страна можат да бидат незаконски.
46. Од сите овие причини, Владата побара од Големиот судски совет да ја потврди пресудата на Судскиот совет и да одлучи дека немало повреда на членот 10.
(в) Третата странка
47. Организацијата Член 19 побара од Судот внимателно да ја испита маргината на дискреционото право која им била дозволена на државите за ограничување на слободата на изразување во случаи кои инволвираат ширење на информации на интернет. Според нив важноста на слободата на изразување на Интернет согласно меѓународното право значело дека маргината на дискреција на државата во оваа област требала да биде тесна. Што се однесува поконкретно на прашањето на хиперлинкови до други веб страници, организацијата Член 19 упати на материјал од компаративното право во врска со судски одлуки во Обединетото Кралство, Германија и САД, особено, покажувајќи дека мерка која бара отстранување на линк без најпрво да се осврне на изворот на наводно нелегалната содржина секогаш ќе претставува несразмерен чекор.
3. Оценка на Судот
(а) Општи принципи
48. Темелните принципи што се однесуваат на слободата на изразување се добро утврдени во судската пракса на Судот. Пресудата на Судскиот совет, упатувајќи на случаите на Штол против Швајцарија (Stoll v. Switzerland ([GC], no. 69698/01, § 101, ECHR 2007‑V)) и Стил и Морис против Обединетото Кралство (Steel and Morris v. the United Kingdom (no. 68416/01, § 87, ECHR 2005-II)), ги репродуцираа на следниов начин (§ 49):
„(i) Слободата на изразување претставува еден од суштинските темели на едно демократско општество и еден од основните услови за негов напредок и за себеисполнетост на секоја една личност. Предмет на ставот 2 од членот 10, се применува не само за ‘информации’ или ‘идеи’ кои се примаат со наклонетост или се сметаат за ненавредливи или како нешто кон што луѓето се индиферентни, туку исто така и за оние кои навредуваат, шокираат или вознемируваат. Такви се барањата на плурализмот, толеранцијата или широкоградоста без што нема ‘демократско општество’. Како што е утврдено во членот 10 оваа слобода подложи на исклучоци, кои ... сепак мора да бидат толкувани строго, а потребата за некакви ограничувања мора да се утврди на убедлив начин.
(ii) Придавката ‘потребно’ во рамките на значењето на членот 10 § 2 значи постоење на ‘ургентна општествена потреба’. Државите договорнички имаат одредено дискреционо право во оценувањето дали таквата потреба постои, но таа оди рака под рака со европскиот надзор, опфаќајќи ги законодавството и одлуките што ја применуваат, дури и оние усвоени од независен суд. Затоа Судот е овластен да ја даде конечната пресуда за тоа дали ‘ограничувањето’ може да се помири со слободата на изразување како што е заштитено со членот 10.
(iii) Задача на судот, во извршувањето на својата надзорна јуриздикција, не е да го заземе местото на надлежните национални органи, туку повеќе да ги разгледа согласно членот 10 одлуките што ги усвоиле согласно нивното дискреционо право. Ова не значи дека надзорот е ограничен на утврдување дали тужената држава го остварила своето дискреционо право на разумен и внимателен начин и со добра намера; она што Судот треба да го направи е да се осврне на попречувањето на кое се жалат во контекст на случајот како целина и да утврди дали било ‘сразмерно на легитимната цел кон која се стреми’ и дали причините изнесени од националните власти за негово оправдување се ‘релевантни и доволни’ ... При тоа Судот мора да се задоволи дека националните власти примениле стандарди кои биле усогласени со принципите отелотворени во членот 10 и уште повеќе дека се потпирале на прифатлива оценка на релевантни факти ...“
(б) Примена на горенаведените принципи во актуелниот случај
(i) Дали имало попречување
49. Не е спорно дека здружението жалител претрпело ограничување на неговото право на слобода на изразување со тоа што им била забранета кампањата со плакат што сакале да ја спроведат. Меѓутоа странките спореа пред Големиот судски совет дали таквото ограничување можело да се разгледа во смисла на негативните обврски или позитивните обврски.
50. Судот ќе повтори во врска со ова дека дополнително на примарната негативна обврска на државата да се воздржи од секакво попречување на правата кои се штитат од Конвенцијата, „може да има позитивна обврска инхерентна“ во таквите права (види Marckx v. Belgium, 13 June 1979, § 31, Series A no. 31). Границите меѓу позитивните и негативните обврски на државата согласно Конвенцијата немаат прецизна дефиниција (види Verein gegen Tierfabriken Schweiz (VgT) v. Switzerland (no. 2) [GC], no. 32772/02, § 82, ECHR 2009); во обете ситуации – било да се обврските позитивни или негативни – државата ужива одредена маргина на дискреција (види, на пример, Keegan v. Ireland, 26 May 1994, §§ 51-52, Series A no. 290).
51. Во актуелниот случај Судот го зазема гледиштето дека не е потребно да се испита понатаму дали членот 10 наметнал позитивна обврска за швајцарските власти. Бидејќи оспорената забрана преставувала во секој случај некакво попречување, нема да биде прифатлива освен ако не ги исполнува условите од став 2 на тој член.
(ii) Оправдување на попречувањето
52. Таквото попречување на правото на здружението жалител на слобода на изразување мора да биде „пропишано со закон“, да има една или повеќе легитимни цели во контекст на ставот 2 од членот 10, и да биде „неопходно за едно демократско општество“.
53. Судот најпрво ќе забележи дека не постои спор меѓу странките дека ограничувањето во прашање било засновано врз членот 19 од Управната регулатива на Градот Ношател (види во параграф 25 горе).
54. Што се однесува на легитимните цели од кои се води рестрикцијата, Владата посочи дека таа се обидела да спречи кривично дело, да го заштити здравјето или моралот и да ги заштити правата на другите.
55. Големиот судски совет забележува, како и Судскиот совет дека здружението жалител не одрекло дека мерката во прашање била преземена за да ги исполни тие легитимни цели. Големиот судски совет на тој начин прифаќа дека ограничувањето во прашање се води од гореспоменатите легитимни цели.
56. Следи дека главното прашање на кои треба да се обрне внимание во овој случај е дали оспорената мерка била неопходна во едно демократско општество.
57. Како што забележал Судскиот совет, актуелниот случај е единствен во смисла дека го наметнува прашањето дали националните власти биле обврзани да му дозволат на здружението жалител да ги шири своите идеи преку кампања со плакат со тоа што ќе му се стави на располагање одреден јавен простор за таа цел. Во врска со ова Судот забележува дека во два турски случаи тој одлучил дека имало повреда во однос на забрана на плакат на политичка партија. Меѓутоа одлуката на Судот во тие случаи се засновала на фактот дека регулативата што дозволувала таква забрана не „подложела на никаков строг или ефективен судски надзор“ (види Tüzel v. Turkey, no. 57225/00, § 15, 21 February 2006, и Tüzel v. Turkey (no. 2), no. 71459/01, § 16, 31 October 2006).
58. Актуелниот случај исто така може да се издвои од тој на Еплби и другите против Обединетото Кралство (Appleby and Others v. the United Kingdom (no. 44306/98, ECHR 2003‑VI)), кој се однесувал на употребата на просторот што и припаѓал на приватна компанија и од случајот на Жените за сопругите во врска со одбивањето да му се дозволи на еден брод да влезе во територијалните води на една држава – простор кој бил „јавен и отворен по својата природа“ (цитиран горе, § 40). Во актуелниов случај немало никаква општа забрана за ширење на одредени идеи, само забрана за користење на регулирани и надгледувани објекти во јавен простор. Како што забележал Судскиот совет, како и швајцарскиот Сојузен суд пред тоа, поединци немаат безусловно или неограничено право на проширена употреба на јавниот простор, особено во врска со објектите наменети за рекламирање или информативни кампањи (види во параграфите 14 и 51 од пресудата на Судскиот совет).
(α) Дискреционо право
59. Судот упатува на својата утврдена судска пракса во однос на тоа дека земјите договорнички согласно членот 10 уживаат одредено дискреционо право во проценувањето на потребата и опсегот на попречување на слободата на изразување заштитена со членот (види Tammer v. Estonia, no. 41205/98, § 60, ECHR 2001-I).
60. Меѓутоа, оваа маргина оди рака под рака со европскиот надзор, опфаќајќи ги и законодавството и одлуките за негова примена, дури и оние кои доаѓаат од независен суд (види Karhuvaara and Iltalehti v. Finland, no. 53678/00, § 38, ECHR 2004-X, и Flinkkilä and Others v. Finland, no. 25576/04, § 70, 6 April 2010). Во остварувањето на својата надзорна функција, задача на Судот не е да го заземе местото на националните судови, туку повеќе да разгледа, во контекст на случајот како целина, дали одлуките кои ги усвоиле согласно своето дискреционо право се компатибилни со одредбите на Конвенцијата на која се потпираат (види Axel Springer AG v. Germany [GC], no. 39954/08, § 86, 7 February 2012).
61. Опсегот на таквата маргина на дискреција варира во зависност од низа фактори, меѓу кои видот на говор во прашање е од особена важност. Иако има мал опсег согласно членот 10 § 2 од Конвенцијата за ограничување на политичкиот говор (види Ceylan v. Turkey [GC], no. 23556/94, § 34, ECHR 1999‑IV), поширока маргина на дискреција генерално постои за земјите договорнички кога се регулира слободата на изразување во однос на работи кои можат да навредат интимни лични убедувања во рамките на сферата на моралот или, особено, религијата (види Марфи, цитиран горе, § 67). Слично на тоа, државите имаат поширока маргина на дискреционо право во регулирање на говорот во однос на комерцијални прашања или рекламирање (види markt intern Verlag GmbH and Klaus Beermann v. Germany, 20 November 1989, § 33, Series A no. 165, and Casado Coca v. Spain, 24 February 1994, § 50, Series A no. 285‑A).
62. Во актуелниот случај, Судот забележува дека може разумно да се тврди дека кампањата со плакат што е во прашање главно се обидувала да го привлече вниманието на јавноста кон идеите и активностите на групата со наводно религиозна конотација која пренесувала порака за која се тврдело дека е пренесена од вонземјани, и за ова се упатува на адреса на веб страница. Веб страницата на здружението жалител на тој начин упатува само инцидентно на социјални или политички идеи. Судот го зазеде гледиштето дека видот на говор во прашање не е политички бидејќи главната цел на веб страницата во прашање е да се привлечат луѓе кон каузата на здружението жалител, а не да се осврне по прашања од политичката дебата во Швајцарија. Дури и ако говорот на здружението жалител е надвор од комерцијалниот рекламен контекст – нема поттикнување за купување на одреден производ – тој е сепак поблиску до комерцијалниот говор отколку до политичкиот говор како таков, бидејќи има одредена функција на преобраќање. Затоа маргината на дискреционото право на државата е поширока.
63. Во таков случај националните власти начелно заради својот директен или континуиран контакт со виталните сили на своите земји се во подобра позиција од меѓународниот судија за да дадат мислење за „потребата“ од „ограничување“ или „казна“ наменета за исполнување на легитимни цели кон кои се стремат таму (види Müller and Others v. Switzerland, 24 May 1988, § 35, Series A no. 133).
64. Од овие причини менаџирањето на јавни билборди во контекст на кампањи со плакат кои не се строго политички може да варира од една до друга држава или дури од еден до друг регион во рамките на истата држава, особено држава која се одлучила на сојузен тип на политичко организирање. Во врска со ова Судот би сакал да посочи дека одредени локални власти можат да имаат веродостојни причини за изборот да не се наметнат ограничувања по таквите прашања (види Handyside v. the United Kingdom, 7 December 1976, § 54, Series A no. 24). Судот не може да се меша со изборите на националните и локалните власти кои се поблиску до реалноста на нивната земја, бидејќи со тоа ќе се изгуби увид во супсидијарната природа на системот на Конвенцијата (види Case “relating to certain aspects of the laws on the use of languages in education in Belgium” (merits), 23 July 1968, p. 35, § 10, Series A no. 6).
65. Испитувањето од страна на локалните власти во прашање дали одреден плакат задоволува одредени статутарни услови – за одбраната на интересите кои варираат на пример од заштита на моралот, безбедност во сообраќајот или заштита на околината – и со тоа потпаѓаат во рамките на маргината на дискреционото право која и е дозволена на државата, бидејќи властите имаат одредена дискреција да гарантираат овластување во оваа област.
66. Со оглед на претходно искажаните размислувања во врска со ширината на маргината на дискреционото право во актуелниот случај, Судот одлучи дека само сериозни причини можат да доведат да ја замени својата проценка за таа на националните власти.
(β) Образложенијата дадени од домашните судови
67. Судот соодветно на тоа мора да ги разгледа причините што ги даваат властите за забраната на кампањата со плакатот во прашање, заедно со опсегот на таа забрана, за да се биде сигурен дали тие причини биле „релевантни“ и „доволни“ и оттука дали со оглед на маргината на дискреција која им се дава на националните власти, попречувањето било соодветно на легитимните цели кои ги следеле и дали тоа кореспондира на „ургентна социјална потреба“. Во врска со ова посочува дека за разлика од гореспоменатите случаи кога Судот утврдил повреда во однос на одлуките со кои се забрануваат кампањите со плакати заради отсуство на строга или ефективна судска анализа (види Тузел, цитиран горе, § 15, и Тузел (бр. 2), цитиран горе, § 16), никакви прашања не произлегуваат во актуелниот случај што се однесува до делотворноста на судската анализа спроведена од страна на домашните судови.
68. Странките дискутираа дали било соодветно за целите на испитувањето на потребата од оспорената мерка да се земе во предвид, како што и сториле домашните судови, содржината на веб страницата на Раелистичкото движење, чија адреса била посочена на плакатот во прашање. Имајќи го на ум начелото дека Конвенцијата и нејзините протоколи мораат да се толкуваат во контекст на денешните услови (види Tyrer v. the United Kingdom, 25 April 1978, § 31, Series A no. 26, and Vo v. France [GC], no. 53924/00, § 82, ECHR 2004‑VIII), Судскиот совет го зазеде гледиштето дека веб страницата не морала да биде земена во предвид бидејќи, со оглед дека била достапна за сите, вклучително и малолетни лица, влијанието на плакатите врз општата јавност би се мултиплицирало на сметка на упатувањето на адресата на веб страницата.
69. Судот го повторува својот општ принцип дека оспореното попречување мора да биде разгледано во контекст на случајот како целина за да се утврди дали е „сразмерно на легитимната цел што се следи“ и дали причините што се дадени од националните тела за да се оправда истото се чинат „релевантни и доволни“ (види во параграф 48 горе). Тој забележува дека оспорениот плакат јасно имал за цел да го привлече вниманието на веб страницата: адресата на таа веб страница е дадена со задебелен фонт над слоганот „Порака од вонземјаните“ (види во параграф 14 горе). Оттука би било нелогично за Судот да го гледа плакатот изолирано; неопходно е, како и домашните судови, да ја испита и содржината на веб страницата во прашање.
70. Што се однесува до причините како такви, Судот најпрво сака да забележи, како и Судскиот совет, дека пет национални органи кои го разгледале случајот (полициската управа, општинскиот совет, Управата за управување со земјиштето на Ношател, Управниот суд и Сојузниот суд) дале детално образложение за своите одлуки, објаснувајќи зошто тие сметале дека не е соодветно да се одобри кампањата со плакатот. Сојузниот суд, којшто е највисокиот домашен суд упатил конкретно на членот 10 од Конвенцијата и на судската пракса на Судот во таа област и ја разгледал сразмерноста на оспорената мерка.
71. Во одлучувањето дека одбивањето од страна на властите на кампањата во прашање било оправдано, Сојузниот суд успешно ја испитал секоја од причината на која се повикувале пониските судови во оправдувањето на таквото одбивање, имено промовирање на клонирање на луѓе, залагање за ‘гениократија’ и можноста дека литературата и идеите на Раелистичкото движење можат да водат кон сексуално злоставување на деца од страна на некои од нивните членови.
72. Иако некои од овие причини, земени посебно, може да не го оправдаат оспореното одбивање, Судот смета дека националните власти имале разумно право да ги земат во предвид со оглед на сите околности на случајот, дека било неопходно за да се забрани кампањата во прашање со цел да се заштити здравјето и моралот, да се заштитат правата на другите и да се спречи криминал. Судскиот совет го одлучи следново во конкретниов случај (параграфи 55-57 од пресудата):
„55. ... Најпрво, веб страницата на здружението содржи линк до Клонаид, преку кој оваа компанија и нуди на општата јавност одредени услуги поврзани со клонирање, а на почетокот од 2003 г. најави раѓање на клонирани бебиња. Второ, Управниот суд упати на пресудата на Окружниот суд на Ла Сарин, кој спомнал можно сексуално злоставување на малолетници. Трето, пропагандата во насока на ‘гениократијата’, имено доктрина според која власта треба да им се довери на луѓе со највисоко ниво на интелигенција и критиките што произлегле од тоа насочени кон современите демократии, можеле да го поткопаат јавниот ред, сигурност и морал.
56. Судот одлучи дека посебно загрижуваат обвиненијата на домашните власти против одредени членови на здружението жалител што се однесува до сексуални активности со малолетници. ... Искрено, не е во рамките на обврските на Судот, начелно, да ги разгледува фактите што се утврдени од домашните тела или соодветната примена на домашното право; затоа, тој не е повикан да утврди дали обвиненијата на властите се докажани. Меѓутоа Судот смета дека со оглед на околностите во актуелниот случај, властите имале доволна причина да одлучат дека било неопходно да не се даде одобрението барано од здружението жалител.
57. Слични размислувања се бараат исто така во однос на прашањето на клонирање. Судот забележува дека домашните власти може со добра намера да сметале дека е неопходно, заради заштита на здравјето и моралот и заради спречување на кривично дело, да се забрани рекламната кампања со плакат, со оглед дека здружението жалител на својата веб страница давало линк на Клонаид, компанија која била формирана за да ... Исто така, како што призна и самото здружение, тоа имало наклонет став кон клонирањето, активност која е јасно забранета со членот 19 став 2 (а) од Сојузниот устав ...“
Големиот судски совет не гледа причина да се оддалечи од размислувањата на Судскиот совет во врска со ова. Соодветно на тоа, Судот одлучи дека загриженоста изразена од страна на националните власти се засновала на релевантни и доволни причини.
73. Судскиот совет на крај зазеде гледиште дека оспорената мерка била конечно ограничена по својот опсег, бидејќи здружението жалител останало слободно „да ги изразува своите убедувања преку бројни други средства за комуникација кои ги имале на располагање“; Судскиот совет исто така посочил дека „никогаш не се јавила како прашање забраната на самото здружение жалител или на неговата веб страница“ (види во параграф 58 од пресудата на Судскиот совет).
74. Здружението жалител тврдеше дека ваквиот став на Судскиот совет бил контрадикторен и достигал ниво на претерано комплицирање на секакво ширење на нивните идеи, бидејќи им било забрането да споделат информации преку употреба на плакати по основ дека имале веб страница, но кога ја изложиле адресата на својата веб страница на плакат им било забрането под изговор дека ова креирало линк со нивните идеи, кои наводно биле опасни за јавноста.
75. Меѓутоа според гледиштето на Судот таквата контрадикција не ништо повеќе од очигледна. Како и Владата и тој одлучи дека мора да се направи разлика меѓу целта на здружението и средствата што ги користи за да ја постигне таа цел. Соодветно на тоа, во актуелниов случај тоа можеби не е сразмерно на забрана на самото здружение или неговата веб страница врз основа на гореспоменатите фактори (види, во врска со ова, Association Rhino and Others v. Switzerland, no. 48848/07, §§ 66-67, 11 October 2011). Лимитирањето на опсегот на оспореното ограничување за поставување на плакати на јавни места било начин за обезбедување на минимум намалување на правата на здружението жалител. Судот повторува во врска со ова дека властите се обврзани, кога ќе одлучат да ограничат основни права, да ги изберат средствата кои предизвикуваат најмала можна штета по правата во прашање (види Жените за сопругите, цитиран горе, § 41). Со оглед на фактот дека здружението жалител може да продолжи со ширење на своите идеи преку својата веб страница и преку други средства што им се на располагање како што е дистрибуција на летоци на улица или по поштенски сандачиња, оспорената мерка не може да се смета за несразмерна.
(в) Заклучок
76. Судот забележува дека националните власти не ја пречекориле широката маргина на дискреција која што им е доделена во актуелниот случај, а причините што се дадени за да се оправдаат нивните одлуки биле „релевантни и доволни“ и одговарале на „ургентна социјална потреба“. Судот затоа не гледа никаква сериозна причина да ја замени сопствената проценка за таа на Сојузниот суд, кој го испитал предметот во прашање со внимание и согласно начелата што се поставени во прецедентното право на Судот.
77. Соодветно на тоа нема повреда на членот 10 од Конвенцијата.
...
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Едногласно го отфрла прелиминарниот приговор на Владата;
2. Одлучи со девет гласа наспроти осум дека немало повреда на членот 10 од Конвенцијата;
...
Изготвена на англиски и француски јазик, и усвоена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 13 јули 2012 г.
Мајкл О’БојлНиколас Браца
Заменик секретарПретседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, кон оваа пресуда се приложени следниве издвоени мислења:
(а) мислење на согласување на судијата Браца;
(б) заедничко мислење на несогласување на судиите Тилкен, Шају, Лазарова Трајковска, Бјанку, Пауер-Форде, Вучиниќ и Јудкивска;
(в) заедничко мислење на несогласување на судиите Шају, Лазарова Трајковска и Вучиниќ;
(г) мислење на несогласување на судијата Пинто де Албукерки.
Н.Б.
М.О’Б
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy