Митови против РМ, А. бр. 53565/13 (пресуда на ЕСЧП од 16 април 2015 год.) Повреда на членовите 8 и 13 на Европската конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи (ЕКЧП) Предметот произлегува од апликацијата (бр.53565/13) поднесена од страна на тројца жалители, г-дин Марјан Митов („прв жалител“), ѓ-ѓа Цвета Митова („втор жалител“) и г-дин Денчо Митов („трет жалител“) на 20 август 2013. Вториот и третиот жалител му се родители на првиот жалител. Сите тројца имаат македонско и бугарско државјанство. Жалителите во својата жалба се жалеле согласно членот 6 и 8 од Конвенцијата, односно навеле дека домашните органи не успеале да ги извршат решенијата на Центарот за социјална работа поврзани со нивните права да одржуваат контакти со малолетната ќерка на првиот жалител, М.М. Имено, првиот жалител бил во брак со г-ѓа Ј.С.М, во кој брак во 2010 година била родена нивната ќерка М.М. По разводот на бракот во мај 2012 година, Центарот за социјална работа донесол повеќе решенија со кои ги уредил видувањата на првиот жалител со својата малолетна ќерка. По барање на вториот и третиот жалител Центарот донел решенија со кои ги уредил и видувањата на вториот и третиот жалител со нивната внука М.М. Меѓутоа г-ѓа Ј.С.М (мајка на малолетната М.М.) не ги почитувала тие решенија, и не го носела детето во утврдените термини за видување. Поради тоа таквите решенија не биле извршени, па жалителите биле лишени од правото на непречени контакти со малолетната М.М. И покрај обраќањата до домашните институции истите се огласувале за ненадлежни во поглед на извршувањето на решенијата на Центарот за социјални работи. Против г-ѓа Ј.С.М била поведена кривична постапка за одземање на малолетно лице, во која била огласена за виновна и и била изречена условна затворска казна. Образложение на ЕСЧП Во врска со наводната повреда на членот 8 од Конвенцијата Имајќи ги предвид околностите на случајот како и жалбените наводи доставени од страна на жалителите, Судот забележал дека Центарот донел седум решенија со кои ги уредил правата на жалителите за контакти со М.М. Тој исто забележал големи одложувања на Центарот при одлучување по барањата на жалителите да остваруваат контакти со М.М. (било потребно од два до пет месеци за Центарот да одлучи по барањата на жалителите). За ваквите одлагања не биле дадени никакви образложенија. Таквиот период бил премногу долг, особено во поглед на првиот жалител чиј престој во тужената Држава бил ограничен. Имајќи го во предвид фактот дека жалбата не го одлагала извршувањето на таквите решенија, тие станале обврзувачки и извршни во моментот кога биле доставени до странките. Врз основа на фактите, Судот забележал дека властите не презеле никакви мерки во создавањето на потребните услови за извршување на овие решенија, иако биле свесни за несоработливото однесување на мајката и на фактот дека тие биле надлежни да постапуваат и по сопствена иницијатива. Поради таквите околности, решенијата на Центарот за видување останале неизвршени долг период, во кој жалителите не биле во можност да ја видат М.М. Судот исто така смета дека властите не направиле сè што било во нивна моќ и кое било разумно да се очекува од нив во поглед на осигурување на правата на жалителите по ова прашање. Иако Центарот ги испитувал ефектите кои одделеноста од својот татко би ги предизвикале врз М.М., не биле земени во предвид легитимните интереси на жалителите во развивање и задржување на врска со М.М. Имајќи го во предвид горенаведеното, како и осетливоста на материјата, Судот заклучува дека домашните органи не успеале да направат соодветни и ефективни напори за извршување на правата на жалителите во поглед на нивниот семеен живот, кој е гарантиран со членот 8 од Конвенцијата. Во врска со наводната повреда на членот 13 од Конвенцијата Во поглед на ефикасните правни лекови, Судот, во конкретниот случај забележал дека жалителите ги искористиле следниве правни лекови: првиот жалител побарал од Центарот за социјална работа и од Министерството за правда да ги изврши одлуките на Центарот; тој неуспешно барал, согласно член 87 од Законот за семејство привремено старателство врз детето; повел кривична постапка против г-ѓа Ј.С.М., за грабнување на малолетник. Жалителите исто така барале и помош од други домашни органи. Судот забележал дека барањето на првиот жалител за извршување на одлуките на Центарот било бесцелно. Ова поради тоа што и Центарот и Министерството за правда се прогласиле за ненадлежни за постапување. Според тоа, системот на административното извршување на одлуките на органите на управата наведено во Законот за управна постапка не можел да биде ставен во сила. Во насока на ова Судот подвлекол дека Владата не доставила до Судот никакви посебни одредби од закони или домашна пракса во поглед на тоа кој орган е надлежен за извршувањето на одлуките на Центарот во врска со утврдените видувања. Овие прашања остануваат отворени во предметот на жалителите и покрај механизмот за решавање на конфликтот на надлежности меѓу управните органи предвиден во домашното законодавство. Во врска со извршувањето од страна на извршителите, Судот не е убеден, ниту Владата доставила некакви коментари за спротивното, во тоа дека механизмот на извршување предвиден со Законот за извршување се применил во одлуките на Центарот. Ова бидејќи системот се однесува на извршување на судските пресуди или одлуките на управните органи поврзани со материјална обврска, што не е случај со одлуките на Центарот за видувања. Во вакви околности Судот не може а да не забележи дека не постоел ефикасен правен лек во домашното законодавство за жалбите на жалителите во врска со неизвршувањето на одлуките на Центарот за видување со М.М. Понатаму, Судот забележал дека кривичните постапки поведени во октомври 2013 против г-ѓа Ј.С.М наводно сè уште не се завршени пред домашните судови. Не биле иницирани никакви постапки во поглед на нејзиното одбивање да ги почитува одлуките за видување на бабата и дедото. Наведеното, а и домашната пракса која ја достави Владата не може да го убеди Судот дека компензацијата преку кривична постапка претставува ефикасен правен лек во врска со правата на жалителите согласно член 8 од Конвенцијата. Имајќи ја во предвид оваа позадина, Судот смета дека жалителите немале ефикасен правен лек во врска со нивните жалби по член 8 од Конвенцијата. Поради тоа, има повреда на член 13 земен во врска со член 8 од Конвенцијата. Првиот жалител барал 100.000 евра на име на материјална штета за неисплатената плата од која тој бил лишен за време на престојот во тужената држава. Тој исто така барал 50.000 евра на име на нематеријална штета за менталното страдање кое го претрпел како резултат на наводните повреди. Вториот и третиот жалител побарале по 10.000 евра за нематеријална штета. Владата ги оспорила барањата на жалителот како неосновани, Тие понатаму навеле дека нема причинско - последователна врска помеѓу бараната штета и наводните повреди. Жалителите исто така побарале 11.000 евра за трошоците направени пред домашните власти и пред Судот. Владата ги оспорила горните побарувања како неосновани, наведувајќи дека тие не доставиле никакви докази дека бараните трошоци биле „навистина и неопходно” направени. Судот, одлучувајќи на еднаква основа, на првиот жалител му доделил 13.000 евра, а на вториот и третиот жалител заеднички 7.000 евра, плус било која такса која би можела да биде наплатена. Исто така им досудил и сума од 850 евра, заеднички за тројцата жалители, за постапката пред Судот, плус било која такса која би можела да биде наплатена.
Full & Egal Universal Law Academy