© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА НАДА ПРОТИВ ШВАЈЦАРИЈА
(Жалба бр. 10593/08)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
12 септември 2012
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на Нада против Швајцарија,
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Николас Браца (Nicolas Bratza), претседател,
Жан-Пол Коста (Jean-Paul Costa),
Франсоаз Тилкен (Françoise Tulkens),
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Нина Вајиќ (Nina Vajić),
Диан Шпилман (Dean Spielmann),
Христос Розакис (Christos Rozakis),
Корнелиу Бирсан (Corneliu Bîrsan),
Карел Јунгвиерт (Karel Jungwiert),
Канлар Хаџијев (Khanlar Hajiyev),
Јан Шикута (Ján Šikuta)
Изабел Беро-Лефевр (Isabelle Berro-Lefèvre),
Џорџо Малинверни (Giorgio Malinverni),
Јоргос Николау (George Nicolaou),
Михаи Поалелунџи (Mihai Poalelungi),
Кристина Пардалос (Kristina Pardalos),
Гана Јудкивска (Ganna Yudkivska), судии,
и Мајкл О’Бојл (Michael O’Boyle), заменик секретар,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 23 март 2011 г., 7 септември 2011 г. и 23 мај 2012 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнува од жалба (бр. 10593/08) против Швајцарската Конфедерација поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на италијанскиот и египетски државјанин, г-динот Јусеф Мустафа Нада („жалителот“) на 19 февруари 2008 година.
2. Жалителот беше претставуван од г-динот Ј. МекБрајд, адвокат од Лондон. Швајцарската Влада („Владата“) беше преставувана од нивниот агент, г-динот Шурман од Сојузната правосудна канцеларија.
3. Во својата жалба г-динот Нада тврдеше дека забраната за влез или транзитирање низ Швајцарија која му била изречена затоа што неговото име било додадено на листата приложена на сојузната Уредба за Талибанот, го прекршила неговото право на слобода (види во член 5 од Конвенцијата) и неговото право на почитување на приватниот и семеен живот, чест и репутација (членот 8). Тој тврдеше дека оваа забрана на тој начин исто така достигнала малтретирање во рамките на значењето на членот 3. Тој понатаму се жалеше на прекршувањето на неговата слобода за изразување на својата вера или убедувања (членот 9) тврдејќи дека неговата неможност да ја напушти енклавата на Кампионе д’Италија го спречила да се моли во џамија. Конечно, тој се жалеше дека немало никаков делотворен лек во однос на тие жалби (член 13).
4. Жалбата и беше доделена на Првата секција на Судот (правило 52 § 1 од Деловникот на Судот) која одлучи да го разгледа по приоритет согласно членот 41 од Деловникот на Судот. На 12 март 2009 г. Судскиот совет на таа секција одлучи да ја извести Владата која беше предмет на жалбите согласно членовите 5, 8 и 13.
5. Секоја од странките поднесе писмени коментари во врска со забелешките на другата странка. Забелешки беа добиени и од француската и британската влада на кои им беше дозволено од страна на Претседателот да интервенираат во писмена постапка (член 36 § 2 од Конвенцијата и правилото 44 § 2 кои тогаш беа на сила). Италијанската Влада не го искористи своето право да интервенира во постапките (член 36 § 1 од Конвенцијата).
6. На 20 јануари 2010 г. странките беа информирани дека Судскиот совет планирал да ја испита допуштеноста и правната основаност на жалбата во исто време (поранешен член 29 § 3 од Конвенцијата заедно со поранешното правило 54A).
7. На 30 септември 2010 г. Судскиот совет во состав на Христос Розакис (Christos Rozakis), Нина Вујиќ (Nina Vajić), Канлар Хаџијев (Khanlar Hajiyev), Диан Шпилман (Dean Spielmann), Свере Ерик Јебсен (Sverre Erik Jebens), Џорџо Малинверни (Giorgio Malinverni), и Јоргос Николау (George Nicolaou), судии, и Сорен Нилсен (Søren Nielsen), секретар на Секцијата се одрекоа од јуриздикцијата во корист на Големиот судски совет, ниедна од странките не се спротивстави на одрекувањето откако беа консултирани за таа цел (член 30 од Конвенцијата и правило 72).
8. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите од член 27 §§ 2 и 3 од Конвенцијата и правилото 24. Жан-Пол Коста, Христос Розакис, Џорџо Малинверни и Михаи Поалелунџи продолжија да работат на случајот и откако нивниот мандат им истече до конечното разгледување во согласност со членот 23 § 3 од Конвенцијата и правилото 24 § 4.
9. И жалителите и Владата ги поднесоа сопствените забелешки на писмено во однос на основаноста на случајот. Француската и британската влада ги поднесоа истите забелешки како и пред Судскиот совет. Исто така претседателот на Големиот судски совет ја овласти ЏАСТИС, невладина организација со седиште во Лондон, да поднесе коментари на писмено (член 36 § 2 од Конвенцијата разгледан во врска со правилото 44 § 2). Конечно претседателот на Големиот судски совет ја овласти британската Влада да учествува во расправата.
10. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 23 март 2011 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
- за Владата
Г-динФ. Шурман (F. Schürmann), раководител на Одделот за европско право и меѓународни човекови права, Сојузно правосудно биро,
Сојузно министерство за полиција и правда,агент,
Г-динЈ. Линденман (J. Lindenmann), амбасадор, заменик директор на Дирекоратот за јавно меѓународно право,
Сојузно министерство за надворешни работи,
Г-динР. Е. Вок (R. E. Vock), раководител на Управата за санкции, Државен секретаријат за економски прашања,
Сојузно министерство економски прашања,
Г-ѓаР. Боургуин (R. Bourguin), специјализиран правен советник одговорен за политиката, Оддел за правни прашања,
Одделение за миграциска политика, Сојузно биро за миграција,
Сојузно министерство за полиција и правда,
Г-ѓаК. Ехрих (C. Ehrich), технички советник, Оддел за европско право и меѓународни човекови права, Сојузното правосудно биро
Сојузно министерство за полиција и правда, советници;
- за жалителот
Г-динЏ. МекБрајд (J. McBride), адвокат,адвокат,
- за Владата на Обединетото Кралство (трета странка)
Г-динД. Волтон (D. Walton), агент,
Г-динС. Вордсворт (S. Wordsworth),адвокат,
Г-ѓаЧ. Холмс (C. Holmes),советник.
И жалителот и неговата сопруга беа присутни.
Судот ги сослуша обраќањата на г-динот Шурман, г-динот МекБрајд и г-динот Вордсворт. Исто така ги сослуша одговорите на претставниците на странките на прашањата од судиите.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
А. Позадина на случајот
11. Жалителот е роден во 1931 г. и живее во Кампионе д’Италиа од 1970 г., што претставува италијанска енклава од околу 1,6 квадратни километри во Провинцијата Комо (Ломбардија) опкружена од швајцарскиот Кантон Тичино и одвоена од остатокот на Италија со езерото Лугано.
12. Тој се опиша себеси како активен муслиман и истакнат бизнисмен во финансискиот и политичкиот свет во кој тој тврдеше дека бил многу ценет. По образование инженер, тој работел во повеќе различни сектори, но пред сè во банкарството, трговија со странство, индустрија и со недвижности. Во текот на своите деловно работење тој основал бројни компании во кои бил единствен или главен акционер.
13. Според сопственото изјаснување тој се спротивставувал на сите примени на тероризам и никогаш немал никаква врска со ал Каеда. Напротив, тој постојано ги осудувал не само средствата кои ги користи таа организација туку и нејзината идеологија.
14. Жалителот понатаму посочи дека имал само еден бубрег (другиот пред некоја година му откажал). Тој исто така страдал од крвавење во левото уво, што можело да се види од лекарското уверение од 20 декември 2001 г. и артритис во вратот. Понатаму, според лекарското уверение издадено од лекар во Цирих на 5 мај 2006 г., тој претрпел скршеница на десната рака која требала да му биде оперирана во 2004 г. Жалителот тврдеше дека заради ограничувањата што му биле изречени, заради што и била поднесена оваа жалба, тој не можел да се оперира и продолжил да страда од последиците од скршеницата.
15. На 15 октомври 1999 г. како одговор на бомбашките напади од 7 август 1998 г. од страна на Осама бин Ладен и членовите на неговата мрежа врз амбасадите на САД во Најроби (Кенија) и Дарес-Салаам (Танзанија) Советот за безбедност на Обединетите нации („ОН“) ја усвоил, согласно Поглавјето VII од Повелбата на ОН, Резолуцијата 1267 (1999) која предвидува санкции против Талибанот (види во параграф 70 долу) и формира комитет составен од сите членови на Советот за безбедност за следење на спроведувањето на таа резолуција („Комитетот за санкции“).
16. На 2 октомври 2000 г., за спроведување на таа резолуција, швајцарскиот Сојузен совет (сојузно извршно тело) усвоил Уредба „за спроведување на мерки против Талибанот“ (Уредбата за Талибанот“ – види во параграф 66 долу), која последователно била повеќепати изменета и дополнета, вклучително и нејзиниот наслов.
17. Со Резолуцијата 1333 (2000) од 19 декември 2000 г. (види во параграф 71 долу) Советот за безбедност го проширил режимот на санкции. Сега бил насочен против Осама бин Ладен и организацијата Ал Каеда, како и високите претставници и советници на Талибанот. Во обете резолуции 1267 (1999) и 1333 (2000) Советот за безбедност бара Комитетот за санкции да води листа, заснована на информации обезбедени од државите и регионалните организации, на поединци и организации поврзани со Осама бин Ладен и Ал Каеда.
18. На 11 април 2001 г. Швајцарската Влада ја изменила и дополнила Уредбата за Талибанот за да ја спроведе Резолуцијата 1333 (2000). Бил додаден нов член 4а, чиј став 1 забранувал влез и транзитирање низ Швајцарија за поединци и организации опфатени со Резолуцијата (но без да ги именува).
19. На 24 октомври 2001 г. Сојузниот обвинител отворил истрага за жалителот.
20. На 7 ноември претседателот на Соединетите Американски Држави ги блокирал средствата на Банката Ал Таква чиј претседател и главен акционер бил жалителот.
21. На 9 ноември 2001 г. жалителот и повеќе организации поврзани со него биле додадени на листата на Комитетот за санкции. На 30 ноември 2001 г. (или на 9 ноември според забелешките на жалителот) нивните имиња биле додадени на листата приложена на Уредбата за Талибанот.
22. На 16 јануари 2002 г. Советот за безбедност ја усвоил Резолуцијата 1390 (2002) со која се вовела забрана за влез и транзитирање на поединци, групи, претпријатија и организации поврзани со нив, како што е упатено во листата формирана согласно Резолуциите 1267 (1999) и 1333 (2000) (види во параграфите 70-71 и 74 долу). На 1 мај 2002 г. членот 4а од Сојузната уредба за Талибанот бил соодветно изменет и дополнет: забраната за влез и транзитирање од тој момент натаму се применувала за сите лица именувани во Анексот 2 од Уредбата, вклучително и жалителот.
23. На 10 септември 2002 г. Швајцарија станала членка на Обединетите нации.
24. Кога тој бил во посета во Лондон во ноември 2002 г. жалителот бил уапсен и вратен во Италија, а парите му биле запленети.
25. На 10 октомври 2003 г. по критиките од страна на Групата за следење на примената на санкциите (види во параграф 72 долу), Кантонот Тичино му ја повлекол посебната дозвола за преминување на границата на жалителот. Групата за следење забележала, во текот на својата истрага околу активностите на жалителот, дека тој можел релативно слободно да се движи меѓу Швајцарија и Италија. Во изјаснувањето на Владата само од овој момент натаму жалителот бил погоден од забраната за влез и транзитирање.
26. На 27 ноември 2003 г. швајцарското Сојузно биро за имиграција, интеграција и емиграција („ИМЕС“) го информирала жалителот дека нему повеќе не му било дозволено да ја минува границата.
27. На 23 март 2004 г. жалителот поднел барање до ИМЕС за дозвола за влез или транзитирање низ Швајцарија заради лекување во земјата и правни постапки како во Швајцарија така и во Италија. ИМЕС го отфрлило тоа барање на 26 март 2004 г. како неосновано. Исто така му било посочено на жалителот дека основите кои биле посочени во поткрепа на неговото барање, имено, потребата да ги консултира своите адвокати и лекувањето и второ специфичната ситуација поврзана со тоа што живеел во Кампионе д’Италиа не биле од таква природа за да се дозволи властите да му одобрат исклучок од мерката што била преземена против него.
28. Во одлука од 27 април 2005 г. Сојузниот кривичен суд му наложил на сојузниот обвинител или да ја прекине постапката или да го испрати случајот на надлежен сојузен истражен судија до 31 мај 2005 г. Со налог од тој датум сојузниот обвинител, утврдувајќи дека обвиненијата против жалителот биле непоткрепени, ја затворил истрагата против жалителот.
29. На 22 септември 2005 г. жалителот побарал Сојузниот совет да го избрише неговото име и имињата на организациите поврзани со него од анексот на Уредбата. Тој тврдел, во поткрепа на своето барање, дека полициската истрага во врска со него била прекината со одлука на сојузниот обвинител и дека од тие причини повеќе не било оправдано да подложи на санкции.
30. Во одлука од 18 јануари 2006 г. државниот секретар за економски прашања („СЕЦО“) го одбил неговото барање врз основа дека Швајцарија не можела да бриши имиња од анексот на Уредбата за Талибанот сè додека биле на листата на Комитетот за санкции на ОН.
31. На 13 февруари 2006 г. жалителот поднел управна жалба до Сојузното министерство за економски прашања („Министерството“).
32. Во одлука од 15 јуни 2006 г. Министерството ја отфрлило жалбата. Тоа потврдило дека бришењето на име од анексот на Уредбата би била можна само откако името ќе било избришано од листата на Комитетот за санкции и објаснило дека за оваа цел било неопходно земјата чие државјанство поседува засегнатото лице или во која има престој да поднесе барање до институциите на ОН за да биде тргнато од листата. Бидејќи Швајцарија не била земјата чие државјанство поседувал жалителот ниту пак во која престојувал, Министерството одлучило дека швајцарските власти не биле надлежни за иницирање на таква постапка.
33. На 6 јули 2006 г. жалителот се жалел до Сојузниот совет против одлуката на Министерството. Тој побарал неговото име и имињата на одреден број на организации поврзани со него да бидат избришани од листата во Анексот 2 од Уредбата за Талибанот.
34. На 20 септември 2006 г. Сојузната канцеларија за миграција („ОДМ“), која била формирана во 2005 г., и ја вклучувала ИМЕС, му дозволила на жалителот исклучок на еден ден, 25 септември 2006 г. за да може да оди во Милано заради правна постапка. Жалителот не го искористил одобрението.
35. На 6 април 2007 г. жалителот испратил до „контакт лицето“ на Комитетот за санкции – тело формирани со резолуцијата 1730 (2006) за прием на барања за отстранување од листата на лица или организации што се на листите на Комитетот на санкции (види во параграф 76 долу) – барање за бришење на неговото име од релевантната листа.
36. Во одлука од 18 април 2007 г. Сојузниот совет, одлучувајќи по жалбата од 6 јули 2006 г., го упатил случајот до Сојузниот суд, утврдувајќи дека жалителот бил подложен на директни ограничувања на неговото право да ужива во својот имот; исто така дека членот 6 од Европската конвенција за човекови права последователно важела за неговото барање за бришење од анексот на Уредбата и дека соодветно на тоа случајот морал да биде разгледан од страна на независен и непристрасен суд.
37. Во своите забелешки Министерството се изјаснило дека жалбата требала да биде отфрлена посочувајќи дека Резолуцијата на Советот за безбедност 1730 (2006) од 19 декември 2006 г. им дозволувала на лицата и организации чии имиња се појавиле на листата на Комитетот за санкции да побараат лично, а не преку државата чии државјани биле или каде што имале престој, истите да бидат отстранети.
38. Жалителот се држеше до своето изјаснување. Исто така тој тврдеше дека врз основа на очигледната неподготвеност од страна на ОДМ да дозволи исклучоци согласно членот 4a § 2 од Уредбата за Талибанот, тој не можел да го напушти својот дом во Кампионе д’Италиа и покрај отсуството на соодветни медицински установи таму или да оди во Италија заради административни или судски причини, и дека од тие причини реално последниве години ги поминал во домашен притвор. Внесувањето на неговото име на листата на Комитетот за санкции исто така достигнало ниво на негово јавно обвинување дека е поврзан со Осама бин Ладен, Ал Каеда и Талибанот, а тоа не било точно. Исто така тој тврдеше дека листата, без никакво оправдување или некаква можност да биде претходно сослушан, ги прекршила принципите на забрана на дискриминација, лична слобода, уживање во сопственоста и економската слобода, заедно со правото да се биде сослушан и правото на правично судење. Конечно, заземајќи го гледиштето дека санкциите на Советот за безбедност биле спротивни на Повелбата на Обединетите нации и безусловните норми на меѓународното право (jus cogens), тој тврдеше дека Швајцарија не била обврзана да ги спроведе.
39. Во одлука од 11 мај 2007 г. во која е посочен достапниот правен лек, ОДМ го отфрлила барањето за нов исклучок од страна на жалителот. Во одлука од 12 јули 2007 г. повторно посочувајќи ги достапните правни лекови, таа одбила да го разгледа писмото од жалителот што го сметал за барање за разгледување. Во писмо од 20 јули 2007 г. жалителот објаснил дека имало недоразбирање и дека неговото претходно писмо всушност претставувало ново барање за исклучок. На 2 август 2007 г. ОДМ повторно го одбила неговото барање, потсетувајќи го дека тој можел да ја оспори одликата со поднесување на жалба до Сојузниот управен суд. Жалителот не се жалел против одлуката.
40. На 29 октомври 2007 г. телото за контакт за барања за отстранување од листата формирана со Резолуцијата 1730 (2006) на Советот за безбедност го отфрлило барањето на жалителот од 6 април 2007 г. неговото име да биде избришано од листата на Комитетот за санкции (види во параграф 35 горе). На 2 ноември 2007 г. телото за контакт исто така го одбило барање за информации во врска со земјата која го внела на листата и причините за неговото именување, повикувајќи се на доверливоста на процесот. Конечно во писмата од 19 и 28 ноември 2007 г. телото за контакт ја повторило доверливоста на процесот но сепак го известила жалителот дека една земја, чие име но можеле да го откријат, се спротивставила неговото име да биде избришано од листата.
Б. Пресуда на Сојузниот суд од 14 ноември 2007 г.
41. Во пресуда од 14 ноември 2007 г. Сојузниот суд, на кој Сојузниот совет ја упатил жалбата на жалителот (види во параграф 36 горе), ја прогласил жалбата за допуштена но ја отфрлил заради основаноста.
42. Најпрво посочил дека согласно членот 25 од Повелбата на Обединетите нации, земјите членки на ОН се согласиле да ги прифатат и спроведуваат одлуките на Советот за безбедност во согласност со Повелбата. Потоа тој забележал дека согласно членот 103 од Повелбата обврските кои произлегуваат од тој инструмент не само што превладувале над домашното право на земјите членки туку исто така и над обврските од другите меѓународни договори без разлика на нивната природа било да биле билатерални или мултилатерални. Понатаму се вели дека ова предимство не било поврзано само со Повелбата туку се однесувало и на сите обврски кои произлегувале од обврзувачките резолуции на Советот за безбедност.
43. Меѓутоа Сојузниот суд забележал дека и самиот Совет за безбедност бил обврзан од Повелбата и морал да делува во согласност со нејзините цели и принципи (членот 24 § 2 од Повелбата), што вклучувало почитување на човековите права и основни слободи (член 1 § 3 од Повелбата). Во исто време тој го зазел гледиштето дека на земјите членки не им било дозволено да избегнат обврска по основ дека една одлука (или резолуција) од страна на Советот за безбедност во значителна мерка не била доследна на Повелбата, особено одлуките (резолуциите) засновани на Поглавјето VII (активност поврзана со закани по мирот, повреда на мирот и чинови на агресија).
44. Сојузниот суд потоа забележал дека согласно членот 190 од Сојузниот устав (види во параграф 65 долу) тој бил обврзан од сојузните закони и меѓународното право. Тој го зазел гледиштето дека важечкото меѓународно право покрај меѓународните договори ратификувани од Швајцарија исто така го вклучувал и меѓународното обичајно право, општите начела на правото и одлуките на меѓународните организации кои биле обврзувачки за Швајцарија, вклучително и одлуките на Советот за безбедност во врска со режимот на санкции.
45. Меѓутоа, тој забележал дека членот 190 од Уставот не содржел никакви правила за тоа како да се решат можни конфликти меѓу различни норми на меѓународното право кои биле законски обврзувачки за Швајцарија и дека во актуелниот случај имало таков конфликт меѓу одлуките на Советот за безбедност од една страна и гаранциите на Европската конвенција за човекови права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права од друга страна. Тој го зазел гледиштето дека ако конфликтот не можел да се реши според правилата за толкување на договорите, би било потребно, за да се реши прашањето, да се следи хиерархијата на меѓународните правни норми според кои обврските кои произлегуваат од Повелбата на Обединетите нации надвладуваат над обврските кои произлегуваат од други меѓународни договори (член 103 од Повелбата, земен заедно со членот 30 од Виенската конвенција за договорното право; види во параграфите 69 и 80 долу). Сојузниот суд сметал дека уедначената примена на санкциите на ОН би била во опасност доколку судовите на земјите членки на Европската конвенција или Меѓународниот пакт за граѓански и политички права можеле да ги отфрлат тие санкции за да ги заштитат основните права на одредени поединци или организации.
46. Судот сепак прифатил дека обврската за спроведување на одлуките на Советот за безбедност била ограничена од нормите на jus cogens. Соодветно на тоа тој сметал дека е обврзан да утврди дали режимот на санкции воспоставени од Советот за безбедност можеле да ги прекршат безусловните норми на меѓународното право, како што тврдел жалителот.
47. Сојузниот суд потоа ги цитирал како примери на jus cogens нормите: правото на живот, заштитата од мачење и нечовечно или понижувачко постапување, забрана на ропство, забрана на колективно казнување, принципот на индивидуална кривична одговорност и принципот на невраќање (non-refoulement). Меѓутоа тој го зазел гледиштето дека уживањето во сопственоста, економската слобода, гаранциите на правично судење или правото на делотворен правен лек не потпаѓале под jus cogens.
48. Што се однесува на последиците по жалителот од мерките преземени против него, особено забраната за влез и транзитирање низ Швајцарија, Сојузниот суд го утврдил следното:
“7.4 ... Овие санкции вклучуваат далекусежни комерцијални ограничувања за засегнатите; меѓутоа средствата потребни за да преживеат не се блокирани (види Резолуција 1452 (2002) став 1(а)) како резултат на што нема ниту закана по нивниот живот или здравје ниту некакво нечовечно или понижувачко постапување.
Забраната за патување ја ограничува слободата на движење на засегнатите, но во принцип не претставува лишување од слобода: тие се слободни да се движат во рамките на сопствената земја на живеење (види меѓутоа во точка 10.2 долу во врска со конкретната состојба на барателот); патувањата до нивната домицилна земја исто така се посебно дозволени (види Резолуција 1735 (2006) став 1(б)).
...”
49. Сојузниот суд понатаму посочил дека општо гледано санкциите биле усвоени од страна на Советот за безбедност без на поединци или организации да им се даде можност да коментираат или однапред или подоцна или да се жалат против нив пред меѓународни или национални судови. Тој споменал во врска со ова дека конкретно согласно условите од Резолуцијата 1730 (2006), постапката за отстранување од листата им дозволувала на лицата да имаат директен пристап до Комитетот за санкции што веќе претставувало значителен напредок, иако системот сè уште имал значителни слабости од гледна точка на човековите права.
50. Сојузниот суд потоа го разгледал прашањето за нивото до кое Швајцарија била обврзана од релевантните резолуции, со други зборови дали имала некаква слобода да одлучува (Ermessensspielraum) во нивното спроведување:
„8.1 Советот за безбедност ја усвои Резолуцијата 1267 (1999) и последователните резолуции во врска со санкциите коишто се однесуваат на Ал Каеда и Талибанот врз основа на Поглавјето VII од Повелбата на ОН со кои се наметнува обврска за сите земји членки да усвојат интегрален и строг пристап кон спроведувањето на санкциите што се предвидени таму игнорирајќи ги сите постоечки права и обврски согласно меѓународните договори или спогодби (види во параграф 7 од Резолуцијата 1267 (1999)).
Санкциите (замрзнување на имот, забрана за влез и транзитирање, ембарго за оружје) се детално опишани и на земјите членки им даваат маргина за дискреција во нивното спроведување. Имињата на оние на кои се однесуваат санкциите исто така се посочени за земјите членки: ова е утврдено со листата изготвена и водена од Комитетот за санкции (види во став 8(в) од Резолуцијата 1933 (2000)).
Што се однесува до можноста за добивање на бришење од листата, Комитетот за санкции воведе посебна процедура (види во став 13 и др. Од Резолуцијата 1735 (2006) и директивите на Комитетот за санкции со датум од 12 февруари 2007). Земјите членки на тој начин се спречени да одлучуваат самите дали санкциите и понатаму ќе се применуваат или не за лице или организација што се наоѓа на литата на Комитетот за санкции.
Оттука Швајцарија би ги прекршила своите обврски согласно Повелбата доколку ги избришела имињата на барателот и неговите организации од анексот на Уредбата за Талибанот.
...
8.3 Со оглед на претходно кажаното на Швајцарија не и е дозволено самата да го избриши името на барателот од Анексот 2 од Уредбата за Талибанот.
Ова не значи дека во оваа ситуација не постои делотворен правен лек за барателот. Сојузниот суд секако може да испита дали и во која мерка Швајцарија е обврзана од резолуциите на Советот за безбедност, но не и е дозволено да ги отстрани санкциите против барателот врз основ дека тие ги прекршиле неговите основни права.
Самиот Комитет за санкции е одговорен за отстранување на лица или организации од листата. И покрај подобрувањата споменати горе постапката за отстранување од листата не ги исполнува двата услови за пристап до суд согласно членот 29a од Сојузниот устав, член 6 § 1 од ЕКЧП и членот 14 § 1 од Пактот на Обединетите нации за граѓански и политички права и тој за делотворен правен лек во рамките на значењето на членот 13 од ЕКЧП и членот 2(3) од Пактот на Обединетите нации...“
51. Сојузниот суд понатаму испитал дали Швајцарија дури и ако не била овластена да го избрише името на жалителот од листата по сопствена иницијатива сепак барем била обврзана да му помогне во врска со постапката за отстранување од листата. Неговото образложение е следното:
„9.1 Пониските судови испитаа дали Швајцарија е обврзана да иницира постапка за отстранување од листата во име на барателот. Во меѓувреме, ова прашање стана ирелевантно бидејќи со измените и дополнувањата на постапката за отстранување од листата барателот можел и самиот да поднесе барање и всушност тој и ја искористил оваа можност.
9.2 За неговото барање да успее тој сепак се потпира на поддршката од Швајцарија бидејќи ова е единствената земја која направила сеопфатна прелиминарна истрага со бројни барања, претресувања на домот и распит на сведоци.
Земјите членки на Обединетите нации имаат обврска да ги гонат лицата осомничени за финансирање или поддршка на тероризам (види во став 2(е) од Резолуцијата на Советот за безбедност 1373 (2001)) ...
Од друга страна доколку кривичните постапки завршат со ослободување или се прекинат ова би требало да води кон повлекување на превентивните санкции. Искрено, земјата којашто спровела кривични постапки или прелиминарна истрага не може самата да изврши бришење но во најмала рака може да ги пренесе резултатите од истрагата на Комитетот за санкции и да побара или поддржи бришење на лицето од листата.“
52. Конечно Сојузниот суд испита дали забраната за патување усвоена согласно членот 4а од Уредбата за Талибанот одела подалеку од санкциите воведени од Советот за безбедност и дали швајцарските власти на овој начин имале слобода во врска со тоа. Наодот на судот е следниов:
„10.1 Член 4a § 1 од Уредбата за Талибанот забранува лицата кои се на листата во Анексот 2 да влезат или да транзитираат низ Швајцарија. Членот 4a § 2 уредува дека во согласност со Советот за безбедност на Обединетите нации или заради заштита на швајцарските интереси, Сојузното биро за миграција има право на исклучоци.
Според резолуциите на Советот за безбедност забраната за патување не важи доколку влезот или транзитирањето се услов за исполнување на судски процес. Дополнително, исклучоците можат да се дозволат во поединечни случаи со согласност на Комитетот за санкции (види став 1(б) од Резолуцијата 1735 (2006)). Ова особено се однесува на патување заради медицински, хуманитарни или религиозни причини (Институт Браун, цитиран горе, стр. 32).
10.2 Членот 4a § 2 од Уредбата за Талибанот е формулиран како одредба ‘што овозможува’ и остава впечаток дека Сојузното биро за миграција има одредено дискреционо право. Меѓутоа од уставен аспект, одредбата не се толкува со значење дека исклучок треба да се дозволи во сите случаи кога режимот на санкциите на ОН тоа го дозволува. Подалекусежно ограничување по слободата на движење на барателот не може да се смета како засновано врз резолуциите на Советот за безбедност, не би било во јавен интерес и би било несразмерно во контекст на конкретната состојба на жалителот.
Барателот живее во Кампионе, италијанска енклава во Тичино, со површина од 1,6 км2. Како резултат на забраната за влез и транзитирање низ Швајцарија тој не е во можност да го напушти Кампионе. Практично гледано барателот точно тврди дека тоа достигнало ниво на домашен притвор и на тој начин претставува сериозно ограничување врз неговата лична слобода. Во вакви околности швајцарските власти се обврзани да ги исцрпат сите олабавувања на режимот на санкции кои им се достапни согласно резолуциите на Советот за безбедност на ОН.
Сојузното биро за миграција на овој начин нема дискреционо право. Напротив тоа мора да испита дали условите за доделување на исклучок се исполнети. Доколку барањето не потпадне под еден од главните исклучоци предвидени од Советот за безбедност, мора да се поднесе до Комитетот за санкции за одобрување.
10.3 Прашањето дали Сојузното биро за миграција ги отфрлило уставните услови кога работело на барањата на барателот за дозвола за патување во странство не мора да се разгледа овде: релевантните налози на Сојузното биро не биле оспорени од барателот и не се предмет на спорот во актуелнава постапка.
Истото важи и за прашањето дали барателот требало да го пресели своето место на живеење од италијанската енклава на Кампионе во Италија. До денешен ден барателот нема поднесено такво барање.“
В. Настаните што следеле по пресудата на Сојузниот суд
53. По пресудата на Сојузниот суд жалителот се обратил од ОДМ со барање да се преиспита можноста за примена на општите исклучоци во неговиот конкретен случај. На 28 јануари 2008 г. тој поднел ново барање за суспендирање на забраната за влез и транзитирање на три месеци. Во писмото од 21 февруари 2008 г. ОДМ го одбил тоа барање изјавувајќи дека не биле во можност да дозволат такво суспендирање на толку долг период без да го упатат проблемот до Комитетот за санкции, туку дека можеле да дозволат еднократно. Жалителот не ја обжалил одлуката.
54. На 22 февруари 2008 г. на состанок меѓу швајцарските власти и претставник на жалителот во врска со поддршката на Швајцарија што би можела да му ја даде на жалителот во неговите напори да биде избришан од листата, претставникот на Сојузното министерство за надворешни работи забележало дека состојбата била доста невообичаена бидејќи жалителот од една страна прашувал каква поддршка швајцарските власти можеле да му дадат во постапката за отстранување од листата во ОН, а од друга страна поднел случај против Швајцарија пред Судот.
За време на состанокот претставникот на жалителот објаснил дека тој добил усна потврда од ОДМ дека на неговиот клиент ќе му биле дадени еднократни одобрувања да оди во Италија за да се консултира со својот адвокат во Милано. Претставникот на Сојузното министерство за надворешни работи исто така посочил дека жалителот можел да побара од Комитетот за санкции поопсежен исклучок заради неговата конкретна ситуација. Меѓутоа тој исто така повторил дека самата Швајцарија не можела да поднесе барање до Комитетот за санкции за отстранување на жалителот од листата. Таа додала дека нејзината влада сепак била подготвена да го поддржи конкретно со тоа што ќе му обезбеди потврда дека кривичната постапка против него била прекината. Адвокатот на жалителот одговорил дека тој веќе примил писмо со потврда дека постапката била прекината и дека тоа писмо било доволно.
Што се однесува до барањата на жалителот до италијанските власти во насока на добивање на поддршка во постапката за негово отстранување од листата, претставникот на Сојузното министерство сугерирало адвокатот да стапи во контакт со Постојаната мисија на Италија во Обединетите нации, додавајќи дека во тоа време Италија била членка на Советот за безбедност.
55. Владата го информирала Судот дека во април 2008 г. египетски воен суд го осудил жалителот во отсуство на десет години казна затвор за давање на финансиска поддршка на организацијата Муслиманско братство (види го написот на оваа тема од 16 април 2008 г. во дневниот весник Кориере дел Тичино). Жалителот не го оспорил фактот дека тој бил осуден, но тврдел дека никогаш не бил информиран за постапката против него и дека од тие причини никогаш немал прилика да се брани лично или преку посредништво на адвокат. Од овие причини и со оглед на фактот дека судењето било водено пред воен суд иако бил цивил тој тврдел дека постапката во прашање претставувала повреда на членот 6.
56. На 5 јули 2008 г. италијанската Влада поднела до Комитетот за санкции барање за жалителот да биде отстранет од листата по основ дека случајот против него во Италија бил отфрлен. Комитетот го отфрлил неговото барање со одлука од 15 јули 2008 г. Во изјаснувањето на жалителот Комитетот не му дозволил да ги поднесе своите забелешки однапред.
57. На 11 септември 2008 г. ОДМ на жалителот му дала право да влезе во Швајцарија и да остане во земјата два дена, но жалителот не го искористил ова одобрение.
58. Во писмо од 23 декември 2008 г. ОДМ го информирала жалителот дека влезот на Швајцарија во Шенген зоната на 12 декември 2008 немал никаква важност за неговата состојба.
59. Во своите забелешки пред Судскиот совет швајцарската Влада се изјаснила дека според нивните сознанија внесувањето на жалителот на листата било иницирано на барање на Соединетите Американски Држави и дека САД поднеле до Комитетот за санкции на 7 јули 2009 г. барање за отстранување од листата на неколку лица, вклучително и жалителот.
60. На 24 август 2009 г. во согласност со постапката утврдена во Резолуцијата на Советот за безбедност 1730 (2006) жалителот поднел до телото одговорно за барањата за отстранување од листата барање неговото име да биде избришано од листата на Комитетот за санкции.
61. На 2 септември 2009 г. Швајцарија испратила до Комитетот за санкции копија на писмо од 13 август 2009 г. од Сојузното обвинителство до адвокатот на жалителот во кое Обвинителството потврдило дека истрагата на судската полиција во врска со неговиот клиент не обезбедила никакви индикации или докази за негова поврзаност со лица или организации блиски на Осама бин Ладен, Ал Каеда или Талибанот.
62. На 23 септември 2009 г. името на жалителот било избришано од листата што е проложена со резолуциите на Советот за безбедност во поддршка на санкциите во прашање. Според жалителот постапката што е предвидена согласно Резолуцијата 1730 (2006) не била почитувана и тој не примил никакво објаснување во врска со тоа. На 29 септември 2009 г. анексот на Уредбата за Талибанот бил изменет во таа насока и измената стапила на сила на 2 октомври 2009 г.
63. Со усвојувањето на барањето од 1 март 2010 г. Комисијата за надворешна политика на Националниот совет (долниот дом на сојузниот парламент) побарал Сојузниот совет да го информира Советот за безбедност на ОН дека од крајот на 2010 г. во одредени случаи повеќе немале да ги применуваат пропишаните санкции против лица согласно резолуциите за борба против тероризмот. Понатаму ја повикала Владата да ја преиспита својата цврста решеност за соработка во борбата против тероризмот во согласност со правниот поредок на државата. Барањето било претставено на 12 јуни 2009 г. од страна на Дик Марти, член на Советот на држави (горен дом на парламентот) и тоа се однесувало на случајот на жалителот по пат на пример.
Г. Напори за подобрување на режимот на санкции
64. Владата тврдеше дека иако Швајцарија не била член на Советот за безбедност заедно со други држави активно работела откако станала членка на ОН на 10 септември 2002 г. на подобрување на правичноста на постапката за внесување и отстранување од листата и правната ситуација на засегнатите лица. На тој начин во летото 2005 г. таа заедно со Шведска и Германија лансирале нова иницијатива за да им се даде поголема тежина на основните права во постапката на санкциите. Во спроведувањето на својата инцијатива Швајцарија поднела до Советот за безбедност во 2008 г. заедно со Данска, Германија, Лихтенштајн, Холандија и Шведска конкретни предлози за формирање на советодавно тело на независни експерти овластени да поднесат до Комитетот за санкции барања за отстранување од листата. Исто така, во есента од 2009 г. Швајцарија интензивно работела со своите партнери резолуцијата за обновување на режимот на санкции против Ал Каеда и Талибанот која требала да биде планирана во декември да одговори на потребите. Во меѓувреме во октомври 2009 г. Швајцарија го поддржала објавувањето на извештај со кој се предлагало како опција на советодавен механизам за разгледување, формирање на народен правобранител. На 17 декември 2009 г. Советот за безбедност усвоил Резолуција 1904 (2009) со која била формирана канцеларија на народен правобранител за да ги прима жалбите на лица кои биле подложени на санкциите во борбата против тероризам на Советот за безбедност на ОН (види во параграф 78 горе). Конечно, Швајцарија во повеќе прилики пред Советот за безбедност и Генералното собрание на ОН има побарано подобрување на процедуралните права на лицата засегнати од санкциите.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО И МЕЃУНАРОДНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Домашното право
1. Сојузниот устав
65. Членот 190 („Применливо право“) од Сојузниот устав уредува:
„Сојузниот суд и другите власти мораат да ги применуваат сојузните закони и меѓународното право.“
2. Уредбата од 2 октомври 2000 за спроведување на мерки против лица и организации поврзани со Осама бин Ладен, групата „Ал Каеда“ или Талибанот („Уредбата за Талибанот“)
66. Уредбата од 2 октомври 2000 за спроведување на мерки против лица и организации поврзани со Осама бин Ладен, групата „Ал Каеда“ или Талибанот е изменета и дополнета неколкупати. Релевантните одредби го велат следново, во верзијата која била на сила во периодот што е предмет на актуелниот случај, и особено во времето кога Сојузниот суд ја усвоил својата пресуда (14 ноември 2007г.):
Член 1 – Забрана за снабдување со воена опрема и слични стоки
„1. Забрането е снабдување, продажба или посредување на вооружување од секаков вид вклучително и оружје и муниција, воени возила и опрема, паравоена опрема и резервни делови или додатна опрема за гореспоменатата, за поединци, претпријатија, групи или организации на кои се упатува во анексот 2 тука.
...
3. Се забранува снабдување, продажба или посредување на технички совети, помош и обука поврзани со воените активности за поединци, претпријатија, групи или организации на кои се упатува во анексот 2 тука.
4. Ставовите 1 и 3 горе ќе важат само до онаа мерка до која Законот за регулирање на сопственоста од 13 декември 1996, Сојузниот закон за воен материјал од 13 декември 1996 и нивните уредби за спроведување не се применливи.
...”
Член 3 – Замрзнување на имотот и економските ресурси
„1. Имот и економски ресурси во сопственост или контролирани од поединци, претпријатија, групи или организации на кои се упатува во Анексот 2 ќе бидат замрзнати.
2. Се забранува обезбедување средства за поединци, претпријатија, групи или организации или тела на кои се упатува во анексот 2 или да им се направат достапни имот или економски ресурси, директно или индиректно.
3. Државниот секретаријат за економски прашања (СЕЦО) може да ги исклучи исплатите поврзани со проекти за демократизација или хуманитарни проекти од забраните согласно ставовите 1 и 2 горе.
4. СЕЦО може да овласти, после консултирање на надлежните служби на Сојузното министерство за надворешни работи и Сојузното министерство за финансии, исплати од блокирани сметки, префрлање на замрзнат основен капитал и ослободување на замрзнати стопански ресурси за да се заштитат интересите на Швајцарија или да се спречат случаи на трпење на штета.
Член 4 – Задолжително пријавување
„1. Секој кој поседува или управува со имот за кој е потврдено дека е опфатен со замрзнувањето на имот согласно членот 3 § 1 мора веднаш да го пријави во СЕЦО.
2. Секое лице или организација која знае за стопански ресурси за кои е потврдено дека се опфатени со замрзнувањето на стопански ресурси согласно членот 3 § 1 мора веднаш да ги пријави во СЕЦО.
3. Пријавувањето мора да го даде името на корисникот, намената и износот на имотот или стопанските ресурси кои се замрзнати.“
Членот 4а – Влез и транзитирање низ Швајцарија
„1. Влезот и транзитирањето низ Швајцарија ќе биде забрането за лицата кои се наброени во анексот 2.
2. Сојузното биро за миграција може, во согласност со одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации или за заштита на швајцарските интереси да дозволи исклучоци.“
Б. Меѓународно право
1. Повелба на Обединетите нации
67. Повелбата на Обединетите нации е потпишана во Сан Франциско на 26 јуни 1945 г. Релевантните одредби за актуелниов случај го велат следново:
Преамбула
„Ние, народите на Обединетите нации, цврсто одлучени
да ги заштитиме идните генерации од бичот на војната, кој двапати во нашиот животен век му донесе незамисливи страдање на човештвото, и
одново да ги зацврстиме нашите верувања во темелните права на човекот, во достоинството и во вредноста на човечката личност, во рамноправноста меѓу мажот и жената како и на сите нации, големи или мали, и
да создадеме услови во кои ќе може да се одржи правдата и почитувањето на обврските кои произлегуваат од договори и други извори на меѓународно право и
да го поддржиме социјалниот напредок и подобриот животен стандард во поголема слобода,
и за овие цели
да бидеме толерантни и да живееме заедно во мир, како добри соседи, и
да ја обединиме нашата сила за да ги одржиме меѓународниот мир и безбедност, и
да прифаќаме начела и да воведуваме методи, коишто гарантираат дека оружената сила ќе биде наменета само во заеднички интерес, и
дека ќе ги користиме меѓународните институции за да го поддржиме економскиот и социјалниот напредок на сите народи
одлучивме заеднички да влијаеме во нашиот напор за постигнување на овие цели.
Според тоа, нашите влади, преку нивните ополномоштени претставниците кои се собрани во градот Сан Франциско, и кои покажаа дека нивната целосна надлежност е исправна и во соодветна форма, се согласија со Повелбата на Обединетите Нации и притоа формират меѓународна организација која ќе биде позната како Обединетите нации.“
Член 1
„Цели на Обединетите нации се:
1. Да го одржува меѓународниот мир и безбедност, и за таа цел: да презема делотворни колективни мерки за спречување и отстранување на закани за мирот, и за сузбивање на чинови на агресија или други прекршувања на мирот и преку мировни средства, и во согласност со правните начела и меѓународното право да доведе до средување или решавање на меѓународни спорови или ситуации кои можат да доведат до нарушување на мирот
...
3. Да постигне меѓународна соработка при решавање на меѓународни проблеми од економски, општествен, културен или хуманитарен карактер, и во промовирање и охрабрување на почитувањето на човековите права и основните слободи за сите без оглед на расата, полот, јазикот или религијата; и
...”
Член 24
„1. За да се одржи ефикасно и брзо дејствување на Обединетите нации, нејзините земји членки му ја доверуваат примарната одговорност за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност, и се согласуваат Советот за безбедност да делува во нивно име кога ги извршува неговите обврски согласно оваа одговорност.
2. Во вршењето на овие обврски, Советот за безбедност делува во согласност со Целите и начелата на Обединетите нации. Посебните овластувања кои му се доделени на Советот за безбедност се наведени во Поглавје VI, VII, VIII, и XII.
...”
Член 25
„ Членките на Обединетите нации се согласуваат да ги прифатат и спроведат одлуките на Советот за безбедност во согласност со Повелбата.“
68. Поглавјето VII од Повелбата е насловено „Дејствија во однос на закани по мирот, повреди на мирот и чинови на агресија“. Членот 39 го вели следново:
“Советот за безбедност ќе го утврди постоењето на секаква закана по мирот, повреда на мирот или чин на агресија и ќе даде препораки или ќе одлучи какви мерки ќе се преземат во согласност со членовите 41 и 42 за одржување или обновување на меѓународниот мир и безбедност.“
69. Поглавје XVI е насловено „Различни одредби“, Членот 103 го вели следново:
„Во случај на конфликт меѓу обврските на членките на Обединетите нации согласно актуелната Повелба и нивните обврски согласно некој друг меѓународен договор, нивните обврски согласно актуелната Повелба ќе превладаат.“
2. Резолуции усвоени од Советот за безбедност во врска со мерките против Ал Каеда и Талибанот, а кои се релевантни за актуелниот случај
70. Резолуцијата 1267 (1999) била усвоена на 15 октомври 1999 г. Со неа бил формиран комитетот за санкции составен од сите членки на Советот за безбедност. На овој Комитет конкретно му била доверена задачата да бара од сите држави да го информираат за чекорите што биле преземени за да се обезбеди делотворно спроведување на мерките што се бараат согласно резолуцијата, имено одбивање да се даде дозвола на авион поврзан со Талибан да ја користи нивната територија за полетување или слетување освен ако Комитетот за санкции не го одобрил летот однапред од хуманитарни причини и второ, замрзнување на фондовите и други финансиски ресурси на Талибанот. Пасусите од оваа Резолуција кои се релевантни во актуелниот случај го велат следново:
Резолуција 1267 (1999)
Усвоено од Советот за безбедност на својот 4051-ви состанок одржан на 15 октомври 1999 г.
„Советот за безбедност,
Реафирмирајќи ги своите претходни резолуции, особено резолуциите 1189 (1998) од 13 август 1998 г., 1193 (1998) од 28 август 1998 и 1214 (1998) од 8 декември 1998 г., и изјавите на неговиот претседател во врска со состојбата во Авганистан,
Реафирмирајќи ја својата цврста заложба за суверенитет, независност, територијален интегритет и национално единство на Авганистан, и неговото почитување на културното и историско наследство на Авганистан,
Повторувајќи ја својата загриженост околу континуираните повреди на меѓународното хуманитарно право и човековите права, особено дискриминацијата на жените и девојчињата, и за значителниот пораст на нелегално производство на опиум и нагласувајќи дека заробувањето на генералниот конзул на Исламската Република Иран од страна на Талибанот и убиството на иранските дипломати и еден новинар во Мазар-е-Шариф претставуваат флагрантна повреда на воспоставеното меѓународно право.
Потсетувајќи се на релевантните меѓународни конвенции за борба против тероризмот и особено на обврските на потписничките на тие конвенции за екстрадиција или гонење на терористи.
Силно осудувајќи ја континуираната употреба на авганистанската територија, особено областите под контрола на Талибанот, за давање прибежиште и обука на терористи и планирање на терористички акти и реафирмирање на своите убедувања дека сузбивањето на меѓународниот тероризам е од суштинска важност за одржување на меѓународниот мир и безбедност.
Осудувајќи го фактот дека Талибанот и понатаму му дава сигурно прибежиште на Усама бин Ладен и им дозволува нему и на други поврзани со него да оперираат со мрежа на терористички кампови за обука од територијата што е под контрола на Талибанот и да го користат Авганистан како база од која се спонзорираат меѓународни терористички операции.
Земајќи го во предвид обвинението против Усама бин Ладен и неговите соработници од страна на Соединетите Американски Држави за, меѓу другото, бомбардирањето на амбасадите на САД во Најроби, Кенија и Дар ес Салаам, Танзанија од 7 август 1998 г. и за заговор за убиство на американски државјани надвор од САД, а земајќи го во предвид и барањето на Соединетите Американски Држави до Талибанот да ги предадат за да им биде судено (S/1999/1021),
Утврдувајќи дека тоа што талибанските власти не одговориле на барањата во став 13 од Резолуцијата 1214 (1998) претставува закана по меѓународниот мир и безбедност.
Нагласувајќи ја својата решеност да обезбеди почитување на своите резолуции,
Делувајќи согласно Поглавјето VII од Повелбата на Обединетите нации,
...
3. Одлучи дека на 14 ноември 1999 сите земји ќе ги наметнат мерките што се утврдени во ставот 4 долу, освен ако Советот претходно не одлучил, врз основа на извештај на генералниот секретар дека Талибанот во целост се придржува кон обврската утврдена во став 2 горе;
4. Понатаму одлучи дека за да го спроведе став 2 од горе сите држави:
(а) Да не му дозволат на ниеден воздухоплов да полета или слета на нивна територија доколку е во сопственост, изнајмени или со него или во негово име управува Талибанот како што е предвидено од Комитетот формиран со ставот 6 долу, освен ако конкретниот лет не бил дозволен претходно од страна на Комитетот врз основа на хуманитарна потреба, вклучително религиозни обврски како што се одење на аџилак;
(б) Ќе ги замрзнат фондовите и другите финансиски ресурси, вклучително и фондови кои произлегле или биле генерирани од имот во сопственост или контролирани директно или индиректно од Талибанот или од страна на претпријатие во сопственост или контролиран од Талибанот, како што е предвидено од Комитетот формиран со ставот 6 долу, и ќе обезбедат дека ниту тие ниту некои други фондови или финансиски ресурси што се креирани на таков начин нема да бидат ставени на располагање од нивни државјани или некое друго лице на нивна територија за или во корист на Талибанот или за претпријатие во сопственост или контролирано директно или индиректно од Талибанот освен во случај да е одобрено од Комитетот за конкретниот случај заради хуманитарна потреба;
5. Апелира до сите држави да соработуваат во насока на исполнување на барањето од став 2 горе и да ги земат во предвид дополнителните мерки против Усама бин Ладен и неговите соработници;
6. Одлучи да воспостави во согласност со правилото 28 од своите привремени деловници, еден Комитет на Советот за безбедност кој ќе се состои од сите земји членки на Советот да ги преземе следниве задачи и да поднесува извештај за својата работа до Советот вклучувајќи ги своите забелешки и препораки:
...
7. Ги повикува сите држави да делуваат во согласност со одредбите од оваа резолуција без разлика на постоењето на некакви права или обврски кои се доделени или наметнати со некој меѓународен договор или некаков договор што стапил на сила или лиценца или дозвола која е дадена пред датумот на кој мерките што се наметнати во став 4 горе стапиле на сила.
8. Ги повикува државите да покренат постапки против лица и организации што се под нивна јуриздикција, а кои ги повредиле мерките што се наметнати со став 4 горе или да наметнат соодветни казни;
9. Ги повикува државите во целост да соработуваат со Комитетот што е формиран со ставот 6 горе за исполнување на неговите задачи вклучително обезбедување на информациите што Комитетот може да ги бара согласно оваа резолуција;
10. Бара сите држави да го известат Комитетот што е формиран со ставот 6 горе во рок од 30 дена од стапување на сила на мерките наметнати со ставот 4 горе за чекорите кои ги презеле со цел делотворно спроведување на ставот 4 горе;
...”
71. Со Резолуцијата 1333 (2000) усвоена на 19 декември 2000 г. Советот за безбедност ја прошири примената на санкциите предвидени со Резолуцијата 1267 (1999) за сите лица или организации идентификувани од Комитетот за санкции како поврзани со Ал Каеда или Осама бин Ладен. Резолуцијата понатаму барала да се води листа за спроведување на санкциите на ОН. Пасусите кои се релевантни во актуелниот случај го велат следново:
Резолуција 1333 (2000)
“... Советот за безбедност ...
Реафирмирајќи ги своите претходни резолуции, особено резолуцијата 1267 (1999) од 15 октомври 1999 г., и изјавите на неговиот претседател во врска со состојбата во Авганистан,
Реафирмирајќи ја својата цврста заложба за суверенитет, независност, територијален интегритет и национално единство на Авганистан, и својата почит за културното и историско наследство на Авганистан,
Согледувајќи ги клучните хуманитарни потреби на авганистанскиот народ,
...
8. Одлучи дека сите држави треба да преземат дополнителни мерки:
(a) Веднаш и целосно да ги затворат сите талибански канцеларии на нивна територија;
(б) Веднаш да ги затворат сите канцеларии на авиокомпанијата Ариана Авган на нивна територија;
(в) Да ги замрзнат без одлагање средствата и другиот финансиски имот на Усама бин Ладен и поединци и организации поврзани со него како што е утврдено од Комитетот, вклучително и оние во организацијата на Ал Каеда како и фондови кои произлегле или се собрани од имот во сопственост или контролиран директно или индиректно од Усама бин Ладен и поединци и тела поврзани со него, и да внимаваа ниту тие ниту некои други средства или финансиски ресурси да не се ставени на располагање, од страна на нивни државјани или од лица на нивна територија, директно или индиректно во корист на Усама бин Ладен, негови соработници или некое тело во сопственост или контролиран директно или индиректно од Усама бин Ладен и поединци и тела поврзани со него, вклучително и организацијата Ал Каеда и бара Комитетот да води ажурирана листа, заснована на информации обезбедени од државите и регионални организации, од лицата и телата обележани дека се поврзани со Усама бин Ладен вклучително и оние во организацијата Ал Каеда;
...
12. Понатаму одлучи дека Комитетот ќе води листа на одобрени организации и владини агенции за помош кои обезбедуваат хуманитарна помош во Авганистан, вклучително и Обединетите нации и нејзините агенции, владини агенции за помош кои обезбедуваат хуманитарна помош, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и невладини организации како што соодветствува, дека забраната што е наметната во став 11 горе нема да важи за хуманитарни летови со кои управуваат или се управувани во име на организации и владини организации за помош од листата одобрена од Комитетот, дека Комитетот постојано ќе ја ревидира листата, додавајќи нови организации и владини организации за помош според потребите и дека Комитетот ќе ги тргне организациите и владините агенции од листата доколку одлучи дека тие организираат или веројатно организираат летови за нешто друго, а не само за хуманитарни цели и ќе ги информира таквите организации и владини агенции веднаш дека сите летови со кои тие оперираат или тоа се прави во нивно име од тој момент натаму подложат на одредбите од став 11 горе;
...
16. Бара Комитетот да го исполни својот мандат со преземање на следниве мерки покрај оние утврдени во резолуцијата 1267 (1999);
(а) Да воспостави и одржува ажурирани листи засновани на информации обезбедени од државни, регионални и меѓународни организации на сите точки на влез и места за слетување за авион во рамките на територијата на Авганистан под контрола на Талибанот и ќе ги информира земјите членки за содржината на таквите листи.
(б) Да воспостави и води ажурирани листи засновани на информации обезбедени од државите и регионалните организации, за поединци и тела означени како блиски на Усама бин Ладен во согласност со став 8 (в) горе;
(в) Да ги разгледа и да одлучи во врска со барањата за исклучоци утврдени во ставовите 6 и 11 горе;
(г) Да воспостави, не подоцна од еден месец по усвојувањето на оваа резолуција, и да води ажурирана листа на одобрени организации и владини агенции за помош коишто обезбедуваат хуманитарна помош во Авганистан во согласност со став 12 горе;
...
17. Ги повикува сите држави и сите меѓународни и регионални организации, вклучително и Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции да делуваат во согласност со одредбите од оваа резолуција без разлика на постоењето на некакви права или обврски кои се доделени или наметнати со некој меѓународна спогодба или некаков договор што стапил на сила или лиценца или дозвола која била дадена пред датумот на кој мерките што се наметнати во ставовите 5, 8, 10 и 11 горе стапиле на сила;...“
72. Во Резолуцијата 1363 (2001) усвоена на 30 јули 2001 г. Советот за безбедност одлучил да воспостави механизам за следење на мерките наметнати со Резолуциите 1267 (1999) и 1333 (2000) („Група за мониторинг“), составен од пет експерти избрани по основ на правична географска распределба.
73. Во Резолуцијата 1373 (2001) усвоена на 28 септември 2001 г. – по настаните од 11 септември 2001 г. – Советот за безбедност одлучил дека државите требале да преземат серија мерки за борба против меѓународниот тероризам и за обезбедување на ефективна гранична контрола во врска со ова. Пасусите кои се релевантни во актуелниот случај го велат следново:
Резолуција 1373 (2001)
“... Советот за безбедност ...
1. Одлучи дека сите држави треба:
(а) Да спречуваат и сузбиваат финансирање на терористички акти;
(б) Да го криминализираат своеволното обезбедување или собирање на кој било начин, директно или индиректно, на средства од страна на нивни државјани или на нивна територија со намера средствата да се користат или со знаење дека ќе се користат за извршување на терористички акти.
(в) Да ги замрзнат без одлагање средствата и друг финансиски имот или стопански ресурси на лица кои извршиле или се обиделе да извршат терористички акти или учествуваат во или овозможуваат организирање на терористички акти; на организации во сопственост или контролирани директно или индиректно од такви лица; и на лица и тела кои делуваат во име на или по насоки од такви лица, вклучително и фондови кои произлегуваат или се собрани од имот во сопственост или контролирани директно или индиректно од такви лица или лица и тела блиски до нив;
(г) Да им забранат на своите државјани или сите лица и организации на нивна територија да стават на располагање некакви средства, финансиски имот или стопански ресурси или финансиски и други услуги поврзани со тоа, директно или индиректно во корист на лица кои сториле или се обиделе да сторат или да овозможат или да учествуваат во организирање на терористички акти на тела во сопственост или контролирани директно или индиректно од страна на такви лица и на лица и тела кои делуваат во име или по насоки на такви лица.
2. Одлучи исто така сите држави:
(а) Да се воздржат од обезбедување на некаква форма на поддршка, активна или пасивна за тела или лица инволвирани во терористички акти, вклучително и преку сузбивање на регрутирање на членови во терористички групи и елиминирање на снабдувањето со оружје за терористите;
(б) Да ги преземат неопходните чекори за спречување на организирањето на терористички акти, вклучително и обезбедување на рано предупредување за други држави преку размена на информации;
(в) Да одбијат да им дадат засолниште на оние кои финансираат, планираат, поддржуваат или извршуваат терористички акти или даваат засолниште;
(г) Да ги спречат оние кои финансираат, планираат, поддржуваат или извршуваат терористички акти да ги користат нивните територии за вакви цели против други држави или нивните државјани;
(д) Да внимаваат секое лице кое учествува во финансирање, планирање, подготовка или извршување на терористички акти или во поддршка на терористички акти да се изнесат пред лицето на правдата и да обезбедат, дополнително на некои други мерки против нив, таквите терористички акти да се третираат како сериозни кривични дела во домашното право и регулатива, а казната соодветно ја отсликува сериозноста на таквите терористички акти; ...
3. Ги повикува сите држави:
...
(ѓ) Да преземат соодветни мерки во согласност со релевантните одредби на националното и меѓународното право вклучително меѓународните стандарди за човекови права пред да се додели бегалски статус за да бидат сигурни дека барателите на азил не планирале, помогнале или учествувале во организирање на терористички акти; ...“
74. Во Резолуцијата 1390 (2002) усвоена на 16 јануари 2002 г. Советот за безбедност одлучил да наметне забрана за влез и транзитирање за поединци и организации кои се опфатени со меѓународните санкции. Оваа резолуција исто така го направи режимот за санкции попрецизен и транспарентен бидејќи од Комитетот за санкции се бараше редовно да се ажурира листата на лица на кои се однесуваат санкциите, експедитивно да се објавуваат таквите насоки и критериуми бидејќи можеби ќе има потреба од олеснување на спроведувањето на санкциите, а сите информации коишто се сметаат за релевантни, вклучително и листата на засегнати лица да бидат достапни за јавноста. Пасусите кои се релевантни во актуелниот случај го велат следново:
Резолуција 1390 (2002)
“... Советот за безбедност ...
2. Одлучи сите држави да ги преземат следниве мерки во однос на Усама бин Ладен, членовите на организацијата на Ал Каеда и Талибанот и други поединци, групи, претпријатија и тела поврзани со нив, како што се упатува во листата што е креирана согласно резолуциите 1267 (1999) и 1333 (2000), да се ажурира редовно од страна на Комитетот што беше воспоставен согласно Резолуцијата 1267 (1999), во понатамошниот текст ‘Комитетот’;
(а) Да ги замрзне без одлагање средствата и друг финансиски имот или економски ресурси на оние поединци, групи, претпријатија и организации, вклучително и средствата што произлегуваат од имот во сопственост или контролиран директно или индиректно од нив или од лица кои делуваат во нивно име или во нивна насока, и да внимаваат овие или кои било други средства, финансиски имот или стопански ресурси да не се стават на располагање, директно или индиректно, на такви лица, од нивни државјани или некои други лица на нивна територија;
(б) Да се спречи влезот или транзитирањето низ нивните територии на овие поединци, под услов ништо во овој став да не обврзува некоја држава да не дозволи влез или да бара напуштање од својата територија на сопствени државјани и овој став нема да важи кога влезот или транзитирањето се неопходни заради судски процес или ако Комитетот утврди за конкретни случаи дека влезот или транзитирањето е оправдано;
(в) Да спречи директно или индиректно снабдување, продажба или трансфер на овие лица, групи, претпријатија и тела од нивните територии или од страна на нивни државјани надвор од нивните територии или да користат пловила или авиони кои пловат или летаат под нивно знаме, на вооружување и сличен материјал од сите видови вклучително и оружје и муниција, воени возила и опрема, паравоена опрема и резервни делови за гореспоменатите, како и технички совети, помош или обука поврзани со воени активности;
...
8. Ги повикува сите држави да преземат итни чекори за спроведување и зајакнување преку усвојување на закони или административни мерки, кога е тоа можно, мерките што се наметнати согласно домашното право или регулативите против нивните државјани и други поединци или тела кои оперираат на нивна територија да ги спречат и да ги казнат прекршувањата на мерките на кои се упатува во ставот 2 од оваа резолуција и да се информира Комитетот за усвојувањето на такви мерки, и ги повикува државите да поднесат извештаи до Комитетот за резултатите од сите истраги или активности во овој контекст освен во случај кога таквото нешто ќе ја компромитира истрагата или спроведувањето на активностите;...“
75. Во Резолуцијата 1526 (2004), усвоена на 30 јануари 2004 г. Советот за безбедност побара од државите да поднесат нови имиња кои треба да се додадат на листата на Комитетот, и да достават информации кои би помогнале во идентификувањето на засегнатите лица или организации. Таа исто така ги охрабри државите да ги информираат, кога е тоа можно, лицата и организациите што се на листата за мерките што тие ги преземаат, за насоките на Комитетот и за Резолуцијата 1452 (2002) во врска со можноста за исклучоци од одредени санкции.
76. Како одговор на напливот на критики на режимот на санкции, Советот за безбедност усвои подетални резолуции за зајакнување на процедуралните заштити. Во врска со ова, Резолуцијата 1730 (2006) воспостави актуелна постапка за креирање на „тело за контакт“ кое ги прима барањата за отстранување на лица или организации на листата која ја води Комитетот за санкции. Согласно таа резолуција телото за контакт е одговорно за проследување на такви барања, за нивно информирање и можни коментари до назначената влада (влади) и до владата (владите) чии државјани се или во кои имаат престој. По тоа треба да следат консултации меѓу засегнатите влади, со или без телото за контакт кое делува како посредник. Доколку се препорача од страна на една од тие влади, барањето за отстранување од листата требало да биде ставено на агендата на Комитетот за санкции кој ќе донесел одлука со консензус на своите петнаесет членови.
77. Резолуцијата 1735 (2006) воспоставила процедура за известување на лица или организации чии имиња биле на листата. Понатаму ги разјаснува критериумите за отстранување од листата на следниов начин:
„14. ... Комитетот при утврдувањето дали да ги отстрани имињата од Консолидираната листа, може да земе во предвид, меѓу другите работи (i) дали лицето или организацијата биле ставени на Консолидираната листа заради згрешен идентитет, или (ii) дали едно лице или организација повеќе не ги исполнува критериумите што се утврдени во релевантните резолуции, особено Резолуцијата 1617 (2005); во правењето на проценката во (ii) горе, Комитетот може да земе во предвид, меѓу другите работи, дали лицето е починато, или дали било со сигурност докажано дека лицето или организацијата ги прекинале сите врски, како што е дефинирано во Резолуцијата 1617 (2005) со Ал Каеда, Усама бин Ладен, Талибанот и нивните поддржувачи, вклучително сите лица и организации од Консолидираната листа ...“
78. Постапката последователно беше зајакната со усвојувањето на Резолуциите 1822 (2008) и 1904 (2009) кои имаат подоцнежен датум од актуелниов случај. Во вторава, усвоена на 17 декември 2009 г. Советот за безбедност одлучил да креира Канцеларија на народниот правобранител, чија задача е да ги прима барањата од поединци на кои се однесуваат санкциите наметнати од Советот за безбедност во борбата против тероризмот. Согласно таа резолуција лицата кои се на листата на санкции имаат право да добијат информации за причините за мерките преземени против нив и да поднесат молби за отстранување од листата до Народниот правобранител, кој го испитува секој случај непристрасно и независно и потоа поднесува извештај до Комитетот за санкции во кој ги објаснува причините за или против отстранувањето од листата.
3. Виенската конвенција за договорното право (1969)
79. Членот 27 („Внатрешно право и следење на договорите“) од Виенската конвенција за договорното право го вели следново:
„Една странка не може да се повика на одредбите на внатрешното право како оправдување за својот неуспех да го примени договорот. ...”
80. Членот 30 („Примена на сукцесивни договори по врска со истото прашање“) го вели следното:
„1. Како што е уредено со членот 103 од Повелбата на Обединетите нации, правата и обврските на земјите потписнички на сукцесивни договори во врска со истото прашање ќе бидат утврдени во согласност со следниве ставови.
2. Кога еден договор уредува дека тој подложи или дека не треба да се смета за некомпатибилен со претходен или подоцнежен договор, одредбите од тој друг договор ќе надвладеат.
3. Кога сите потписници на претходниот договор се потписници и на подоцнежниот договор, но претходниот договор не е укинат или суспендиран во функционирањето согласно членот 59, претходниот договор се применува само до онаа мерка до која неговите одредби се компатибилни со оние на подоцнежен договор.
4. Кога потписниците на подоцнежниот договор не ги вклучуваат сите потписници на претходниот:
(а) што се однесува до земјите потписнички на двата договори важи истото правило како во ставот 3;
(б) што се однесува до земја потписничка на двата договори и земја потписничка само на еден од договорите, договорот на кој обете земји се потписнички ги регулира нивните меѓусебни права и обврски.
5. Ставот 4 не му штети на членот 41, или на секое прашање на укинување или суспендирање на функционирањето на еден договор согласно членот 60 или на секое прашање на одговорност кое може да произлезе за една земја од заклучокот или примената на договор чии одредби не се компатибилни со обврските кон друга земја според друг договор.“
4. Работата на Комисијата за меѓународно право на Обединетите нации
81. Извештајот на студиската група на Комисијата за меѓународно право (ИЛЦ) насловен како „Фрагментирање на меѓународното право: тешкотии што произлегуваат од разновидноста и проширувањето на меѓународното право“, објавен во 2006 г. ги содржи следниве забелешки во врска со членот 103 од Повелбата:
4. Усогласување – систематска интеграција
„37. Во меѓународното право постои силна пресумпција против нормативен конфликт. Толкувањето на договори е дипломатија, и работа е на дипломатијата за да се избегне или ублажи конфликт. Ова се однесува и на решавање по судски пат. Како што рекол Русо за обврските на еден судија во една поодамнешна но сè уште доста корисна дебата во однос на договорниот конфликт:
... lorsqu’il est en présence de deux accords de volontés divergentes, il doit être tout naturellement porté a rechercher leur coordination plutôt qu’à consacrer à leur antagonisme (Кога се работи за две взаемни спогодби (consensus ad idem) со спротивставени ставови, треба природно да се обиде да бара нивно усогласување наместо да го потврди нивниот антагонизам.) [Charles Rousseau, “De la compatibilité des normes juridiques contradictoires dans l’ordre international”, RGDIP vol. 39 (1932), p. 153].
38. Ова прерасна во нашироко прифатено начело за толкување и може да се формулира на повеќе начини. Можеби се чини како правило од око кога се креираат нови обврски, за државите да се претпоставува дека не отстапуваат од своите обврски. Џенингс и Вотс, на пример, забележуваат присуство на:
пресумпција дека потписниците имаат намера да направат нешто што не е недоследно со општо прифатените начела на меѓународното право и со обврските од претходниот договор кон трети држави [Sir Robert Jennings and Sir Arthur Watts (eds.), Oppenheim’s International Law (London: Longman, 1992) (9th ed), p. 1275. За широкото прифаќање на пресумпцијата против конфликтот – односно прелогот за усогласеност види исто така Pauwelyn, Conflict of Norm ... supra note 21, pp. 240-244].
39. Како што се изјасни Меѓународниот суд на правдата во случајот Право на минување:
правило на толкувањето е еден текст што произлегува од Владата во принцип да мора да се толкува дека произведува и има намера да произведе ефекти во согласност со постојното право, а не со повреда на истото [Case concerning the Right of Passage over Indian Territory (Preliminary Objections) (Portugal v. India) I.C.J. Reports 1957 p. 142].
...
331. Членот 103 не вели дека Повелбата надвладува, но упатува на обврските согласно Повелбата. Освен правата и обврските во самата Повелба, ова исто така ги опфаќа и обврските засновани на обврзувачките одлуки од страна на телата на Обединетите нации. Најважниот случај е тој од членот 25 кој ги обврзува земјите членки да прифатат и спроведат резолуции на Советот за безбедност кои биле усвоени согласно Поглавјето VII од Повелбата. Дури и ако првенството на одлуките на Советот за безбедност согласно членот 103 не е изречно навадено во Повелбата, широко е прифатено во праксата но и како доктрина ...“
5. Релевантната меѓународна судска пракса
82. Мерките што се преземени согласно резолуциите на Советот за безбедност за воспоставување на систем на листи и можноста за разгледување на законитоста на таквите мерки на меѓународно ниво се разгледани од Судот на правдата на Европските заедници („СПЕЗ“) и од Комитетот за човекови права на Обединетите нации.
(а) Случајот на Јасин Абдула Кади и Меѓународната фондација Ал Баракаат против Советот и Комисијата (Yassin Abdullah Kadi and Al Barakaat International Foundation v. Council and Commission) (Суд на правдата на Европските заедници)
83. Случајот на Јасин Абдула Кади и Меѓународната фондација Ал Баракаат против Советот на Европската унија и Комисијата на Европските заедници (Yassin Abdullah Kadi and Al Barakaat International Foundation v. Council of the European Union and Commission of the European Communities, здружени случаи C-402/05 P и C-415/05 P; во понатамошниот текст „пресудата во случајот Кади“), кој се однесувал на замрзнување на имотот на жалителите согласно регулативата на Европската заедница усвоена во врска со спроведувањето на резолуциите на Советот за безбедност 1267 (1999), 1333 (2000) и 1390 (2002), кои меѓу другото барале од сите земји членки на ОН да преземат мерки за замрзнување на фондовите и други финансиски ресурси на поединци и организации идентификувани од Комитетот за санкции на Советот за безбедност дека се блиски на Осама бин Ладен, Ал Каеда или Талибанот. Во тој случај жалителите потпаднале под таа категорија и нивниот имот од тие причини бил замрзнат – мерка која за нив претставувала прекршување на нивното основно право на почитување на сопственоста како што е заштитена со Договорот за основање на Европската заедница („Договорот за ЕЗ“). Тие тврделе дека регулативата на ЕЗ била усвоена ultra vires.
84. На 21 септември 2005 г. Првостепениот суд (кој на 1 декември 2009 г. станал познат како „Општ суд“) ги отфрлил овие жалби и ја потврдил законитоста на регулативата, утврдувајќи главно дека членот 103 од Повелбата ги ставал резолуциите на Советот за безбедност над сите други меѓународни обврски (освен оние опфатени со jus cogens), вклучително оние кои произлегуваат од Договорот за ЕЗ. Тој заклучил дека немал надлежност да ги разгледува резолуциите на Советот за безбедност, дури и на поединечна основа, за да потврди дали тие ги почитувале основните права.
85. Г-динот Кади се жалел до СПЕЗ (кој на 1 декември 2009 станал познат како „Судот на правдата на Европската унија“). Жалбата била разгледана од Големиот судски совет заедно со друг случај. Во својата пресуда од 3 септември 2008 г. СПЕЗ одлучил дека со оглед на внатрешната и автономна природа на правниот поредок на Заедницата, тој имал јуриздикција да ја разгледа законитоста на регулативата на Заедницата усвоена во рамките на опсегот на тој поредок доколку неговата цел била да се спроведе резолуцијата на Советот за безбедност. Оттука одлучил дека иако „правосудството на Заедницата“ не требало да ја разгледува законитоста на резолуциите на Советот за безбедност тој имал право да ги разгледа актите на Заедницата и актите на земјите членки формулирани за потребите на таквите резолуции, и дека ова „немало да бара никакво оспорување на првенството на таа резолуција во меѓународното право“.
86. СПЕЗ заклучил дека правосудството на Заедницата морало да изврши разгледување, начелно целосното разгледување на законитоста на сите акти на заедницата во контекст на основните права кои формираат интегрален дела од општите принципи на правото на Заедницата, вклучително разгледување на мерките на Заедницата кои, како и оспорената регулатива, биле дизајнирани да ги спроведат резолуциите на Советот за безбедност. Пресудата ги содржела следниве релевантни пасуси:
...
„281. Во врска со ова треба да се има на ум дека Заедницата се заснова на владеењето на правото што значи дека ниту нејзините земји членки ниту нејзините институции не можат да избегнат разгледување на усогласеноста на нивните закони со основната уставна повелба, Договорот за ЕЗ, кои воспоставиле целосен систем на правни лекови и процедури дизајнирани да му овозможат на Судот на правдата да ја разгледаат законитоста на актите на институциите (случај 294/83 Les Verts v Parliament [1986] ECR 1339, параграф 23).
...
290. Затоа мора да се разгледа дали како што одлучил Првостепениот суд, како резултат на начелата кои управуваат со односот меѓу меѓународниот правен поредок согласно правниот поредок на Обединетите нации и Заедницата секое судско разгледување на внатрешната законитост на оспорената регулатива во контекст на основните слободи во принцип е исклучена, без разлика на фактот дека како што е јасно од одлуките на кои се упатува во параграфите 281 и 284 горе, таквото разгледување е уставна гаранција која формира дел од самите темели на Заедницата.
...
293. Набљудувањето на активностите дадено во контекст на Обединетите нации е потребно само во опсег на сферата на одржување на меѓународниот мир и безбедност кога Заедницата ги применува, по пат на усвојување од страна на Заедницата, мерките преземени врз основа на членовите 60 ЕЗ и 301 ЕЗ на резолуциите усвоени од Советот за безбедност согласно Поглавјето VII на Повелбата на Обединетите нации.
294. Во исполнувањето на вторава надлежност неопходно е за Заедницата да посвети посебно внимание на фактот дека во согласност со членот 24 од Повелбата на Обединетите нации, усвојувањето од страна на Советот за безбедност на резолуциите согласно Поглавјето VII од повелбата претставува примена на примарна одговорност со која меѓународното тело е воведено за одржување на мирот и безбедноста на глобално ниво, одговорност која согласно Поглавјето VII ја вклучува надлежноста за утврдување што и кој претставува закана по меѓународниот мир и безбедност и да преземе мерки кои се неопходни за нивно одржување или обновување.
...
296. Иако заради усвојувањето на таков акт Заедницата е обврзана да ги преземе, согласно Договорот за ЕЗ, мерките што се бараат со тој акт, таа обврска значи дека кога предметот е да се спроведе резолуција на Советот за безбедност усвоена согласно Поглавјето VII од Повелбата на Обединетите нации, во изготвувањето на тие мерки Заедницата треба да посвети соодветно внимание на условите и целите на резолуцијата во прашање и на релевантните обврски согласно Повелбата на Обединетите нации поврзани со таквото спроведување.
297. Исто така, Судот претходно има одлучено дека за таквите цели на толкување на оспорената регулатива мора да се земе во предвид и формулацијата и намената на Резолуцијата 1390 (2002) што таа регулатива, според четвртиот читање во преамбулата, е дизајнирана да ги имплементира (Möllendorf и Möllendorf-Niehuus, параграф 54 и цитираната судска пракса).
298. Затоа мора да се забележи дека Повелбата на Обединетите нации не наметнува избор на одреден модел за спроведување на резолуциите усвоени од Советот за безбедност согласно Поглавјето VII од Повелбата, бидејќи тие треба да станат правосилни согласно постапката што се применува во тој контекст во домашниот правен поредок на секоја членка на Обединетите нации. Повелбата на Обединетите нации им остава на членките на Обединетите нации слободен избор меѓу различни можни модели за префрлање на тие резолуции во домашниот правен поредок.
299. Следи од сите овие размислувања дека тоа не е последица од начелата кои управуваат со меѓународниот правен поредок согласно Обединетите нации дека секое судско разгледување на внатрешната законитост на оспорената регулатива во контекст на основните слободи е исклучено врз основа на фактот дека таа мерка не е наменета да ја примени резолуцијата на Советот за безбедност усвоена согласно Поглавјето VII од Повелбата на Обединетите нации.
300. Што е уште поважно таквиот имунитет од јуриздикцијата за мерка на Заедницата, како што е оспорената регулатива, како последица на начелото на предимство на ниво на меѓународното право на обврските согласно Повелбата на Обединетите нации, особено оние поврзани со спроведување на резолуциите на Советот за безбедност усвоени согласно Поглавјето VII од Повелбата, не може да најде основа во Договорот за ЕЗ.“
87. СПЕЗ заклучил дека оспорените регулативи, кои не обезбедиле никаков правен лек во однос на замрзнувањето на имотот биле спротивни на основните права и требале да се поништат.
(б) Случајот на Сајади и Винк против Белгија (Sayadi and Vinck v. Belgium) (Комитет за човекови права на Обединетите нации)
88. Во случајот поднесен од Набил Сајади и Патриција Винк против Белгија (гледишта на Комитетот за човекови права од 22 октомври 2008 г., во врска со соопштението бр. 1472/2006) Комитетот за човекови права имал можност да го испита националното спроведување на режимот на санкции воспоставени од Советот за безбедност во резолуцијата 1267 (1999). Двајцата жалители, белгиски државјани биле ставени на листите приложени со резолуцијата во јануари 2003 г. врз основа на информациите кои биле доставени до Советот за безбедност од страна на Белгија по отпочнувањето на домашна кривична истрага во септември 2002 г. Тие поднеле неколку барања за отстранување од листата на национално, регионално и ОН ниво, но ниедно не вродило резултат. Во 2005 г., Бриселскиот првостепен суд и наредил на белгиската држава, меѓу другото, итно да започне со постапка пред Комитетот за санкции на Обединетите нации за отстранување од листата, и државата последователно го сторила тоа.
89. Комитетот за човекови права забележал дека забраната за патување изречена против жалителите резултирала од испраќањето на нивните имиња од страна на Белгија до Комитетот за санкции пред да бидат сослушани. Со тоа го зазел ставот дека иако Белгија не била надлежна да ги отстрани нивните имиња ниту од листата на Обединетите нации ниту од листата на Европската унија, таа била одговорна за присуството на нивните имиња на листите и за забраната за патување што следела. Комитетот утврдил повреда на правото на жалителите на слобода на движење согласно членот 12 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, бидејќи и отфрлањето на кривичната истрага и барањата за отстранување од листата покажале дека ограничувањата не биле неопходни за заштита на националната безбедност или јавен ред.
90. Комитетот исто така утврдил незаконски напад врз честа и угледот на жалителите што претставувало повреда на членот 17 од Пактот заснована на достапноста на листата на Интернет, повеќе написи во печатот, пренесување на информации за нив пред да биде завршена кривичната истрага и фактот дека и покрај барањата на земјата потписничка за отстранување, нивните податоци за контакт и понатаму биле јавно достапни.
91. Според мислењето на Комитетот иако самата држава потписничка не била надлежна за отстранување на имињата од листата, таа имала обврска да стори сè што била во нејзина моќ за да обезбеди нивно бришење колку што е можно поскоро, да им даде на жалителите обесштетување, да ги објави барањата за отстранување од листата и да внимава да не дојде до слични повреди во иднина.
92. На 20 јули 2009 г. имињата на жалителите биле отстранети од листата согласно одлука на Комитетот за санкции.
6. Релевантна судска прекаса на други држави
93. Мерките во прашање исто така се разгледани на национално ниво од страна на Врховниот суд на Обединетото Кралство и канадскиот Федерален суд.
(а) Случајот на Ахмед и други против НВ Министерство за финансии (Ahmed and others v. HM Treasury) (Врховен суд на Обединетото Кралство)
94. Случајот на Ахмед и други против НВ Министерство за финансии, разгледан од Врховниот суд на Обединетото Кралство на 27 јануари 2010 г. во врска со замрзнувањето на имотот на жалителите согласно санкциите воведени со Резолуциите 1267 (1999) и 1373 (2001). Врховниот суд го зазел ставот дека Владата ги применила ultra vires надлежностите кои и биле доделени со членот 1 од Актот на Обединетите нации од 1946 во изготвување на одредени налози за спроведување на резолуциите за санкциите на Советот за безбедност.
95. Конкретно, лордот Хоуп, заменикот претседател на Врховниот суд ги даде следниве забелешки:
„6. ... Последиците од наредбите што биле дадени во овој случај се толку драстични и опресивни што едноставно мораме да бидеме подеднакво внимателни за активностите за принуда на Министерството за финансии да се навистина во рамките овластувањата кои им биле доделени од Законот од 1946 г. Дури и во случај на закана од меѓународен тероризам безбедноста на луѓето не е врховен закон. Мораме да бидеме подеднакво внимателни и во заштитата од неограничената повреда на личната слобода.“
96. Тој признал дека жалителите биле лишени од делотворен правен лек и во врска со тоа го утврдил следново.
„81. Јас сметам дека Г има право да успее во однос на тоа дека режимот на кој бил подложен го лишил од пристап до делотворен правен лек. Како што посочува г-динот Свифт барањето за судско разгледување на одлуката на Министерството за финансии да постапува со него како со обележано лице нема да го одведе никаде. Г одговара на тој опис бидејќи бил обележан од Комитетот 1267. Она што нему му треба доколку му се обезбеди делотворен правен лек е начин листата да ја поднесе за да биде разгледана од судот. Ова е нешто што според системот со кој во моментов раководи Комитетот 1267 не му е овозможено. Јас сметам дека членот 3(1)(б) од УАК [Указот за Ал Каеда], кој го има ова дејство, е ultra vires членот 1 од Законот од 1946 г. Не е неопходно да се разгледува за потребите на овој случај дали УАК како целина е ultra vires освен да се каже дека јас не сакам да бидам сфатен дека посочувам дека членот 4 од тој Указ, доколку бил применет во случајот на Г, би го преживеал испитувањето.
82. Случајот на ХАЈ би го третирал на ист начин. И тој е лице кое е обележано од причина што неговото име е на листата на Комитетот 1267. Како што веќе е забележано Обединетото Кралство сега бара начини за неговото име да биде избришано од таму. Со писмото од 1 октомври 2009 г. Тимот за санкции на Министерството за финансии ги информирало неговите адвокати дека барањето за отстранување од листата било поднесено на 26 јуни 2009 г., но на првото разгледување од страна на Комитетот низа држави не биле во позиција да се согласат со барањето. Дополнителните напори за добивање на отстранување од листата продолжуваат но ова сè уште не е постигнато. Така што тој и понатаму подложи на УАК. Во оваа ситуација тој и понатаму е лишен од делотворен правен лек.“
97. Врховниот суд ги утврдил за незаконски како наредбата за спроведување на Резолуцијата 1373 (2001) во општ контекст на борбата против тероризмот („Указот за борба против тероризам“) и налогот за спроведување на резолуциите за Ал Каеда и Талибанот („Указот за Ал Каеда“). Меѓутоа тој го укинал само Указот за Ал Каеда само што се однесува на тоа дека не обезбедувал правен лек (види мислење на несогласување од лордот Браун по ова прашање).
(б) Случајот на Абделразик против Канада (Министерство за надворешни работи)( Abdelrazik v. Canada (Minister of Foreign Affairs)) (Канадскиот Федерален суд)
98. Во својата пресуда од 4 јуни 2009 г. во случајот на Абделразик против Канада (Министерство за надворешни работи) Федералниот суд на Канада го зазел ставот дека постапката за внесување во листата во рамките на санкциите против Ал Каеда и Талибанот на Комитетот за санкции била некомпатибилна со правото на делотворен правен лек. Случајот се однесувал на забрана за жалителот да се врати во Канада, кој бил канадски и судански државјанин како резултат на примената на резолуциите на Советот за безбедност од страна на Канада со кои бил воспоставен режимот на санкции. Затоа жалителот бил присилен да живее во Канадската амбасада во Картум, Судан во страв од можен притвор или мачење доколку го напуштел ова засолниште.
99. Зин. Ј, кој ја изрекол водечката пресуда во случајот изјавил конкретно:
„[51] Го додавам своето име на оние кои гледаат на режимот на Комитетот 1267 како на лишување на основни правни лекови и како неодржлив согласно принципите на меѓународните човекови права. Во постапката за внесување или отстранување од листата нема ништо што ги признава начелата на природна правда или што обезбедува основна процедурална правичност.“
100. Тој понатаму забележал:
„[54] ... страшно е да се сфати дека еден граѓанин на оваа или некоја друга земја може да се најде на листата на Комитетот 1267 исклучиво врз основа на сомнеж.“
101. По разгледувањето на мерките за спроведување на забраната за патување врз основа на резолуциите за АЛ Каеда и Талибанот судиите заклучиле дека правото на жалителот да влезе во Канада било повредено, спротивно на одредбите на канадската Повелба за правата и слободите (види во параграфите 62 et seq. од пресудата).
ПРАВОТО
I. ПРЕЛИМИНАРНИ ПРИГОВОРИ НА ВЛАДАТА
А. Компатибилност на жалбите со Конвенцијата и Протоколите
1. Изјаснување на странките
(а) Тужената Влада
102. Владата побара Судот да ја прогласи жалбата за недопуштена како некомпатибилна ratione personae со Конвенцијата. Тие тврделе дека оспорените мерки се засновале на Резолуциите на Советот за безбедност (1267 (1999) et seq.), кои согласно членовите 25 и 103 од Повелбата на Обединетите нации биле обврзувачки и надвладувале над секаков друг меѓународен договор. Во врска со ова тие упатиле на наредбата за преодните мерки на Меѓународниот суд на правдата во случајот за Прашањата за толкување и примена на Монтреалската конвенција од 1971 г. кои произлегле од воздухопловниот инцидент кај Локерби ((Libyan Arab Jamahiriya v. United Kingdom), Provisional Measures, Order of 14 April 1992, ICJ Reports 1992, p. 15, § 39):
„Со оглед дека и Либија и Обединетото Кралство како членки на Обединетите нации се обврзани да прифатат и спроведат одлуки на Советот за безбедност во согласност со членот 25 од Повелбата; со оглед дека Судот, кој е во фазата на постапките по преодните мерки, смета дека prima facie оваа обврска се однесува и на обврската содржана во Резолуцијата 748 (1992); и со оглед дека во согласност со членот 103 од Повелбата, обврските на странките во таа насока надвладуваат над нивните обврски согласно некој друг меѓународен договор, вклучително и Монтреалската конвенција;“
Владата тврдеше дека, во тие околности, Швајцарија не може да се смета за одговорна на меѓународно ниво за спроведување на мерките во прашање.
103. Владата додаде дека овие мерки, кои произлегле на тој начин од Советот за безбедност на Обединетите нации, биле надвор од опсегот на надлежноста на Судот. Жалбата во актуелниов случај затоа била и недопуштена ratione materiae.
(б) Жалителот
104. Жалителот тврдеше дека неговата жалба била компатибилна ratione personae со Конвенцијата. Тој сметаше дека директната последица од обврските согласно резолуциите на Советот за безбедност била нерелевантна по прашањето дали ограничувањето што му биле наметнати можеле или не можеле да и се препишат на тужената држава, бидејќи тие ограничувања биле овластени од Владата на национално ниво во согласност со членот 190 од Сојузниот устав. Потпирајќи се на членот 27 од Виенската конвенција за договорното право тој додал дека Швајцарија не можела да се крие зад своите домашни правни аранжмани кога се работело за исполнување на меѓународни обврски (види во параграф 79 горе).
105. Жалителот исто така зазеде гледиште дека швајцарските власти ги примениле можностите за отстапување предвидени во резолуциите на Советот за безбедност на многу порестриктивен начин отколку она што се барало со режимот на санкции. Самиот Сојузен суд го забележал истово во својата пресуда од 14 ноември 2007 г. Наместо автоматски да ги преминуваат резолуциите на Советот за безбедност, националните власти уживале одредено дискреционо право во спроведувањето на мерките во прашање. Жалителот додаде во врска со ова дека неговото отстранување од листата како што е одлучено од Комитетот за санкции на 23 септември 2009 станало правосилно во Швајцарија дури една недела подоцна. Тој на ова гледаше како на дополнителен доказ дека примената на резолуциите на Советот за безбедност не била автоматска.
106. Конечно, жалителот тврдеше дека во актуелниов случај не се работело да се стави под знак прашање предимството на Повелбата на Обединетите нации согласно членот 103 – наод на повреда на Конвенцијата по негово мислење не може да влијае на валидноста на меѓународните обврски на државата – туку едноставно Повелбата да не се користи како изговор за да се избегне почитувањето на одредбите на Конвенцијата.
2. Изјаснување на третите странки што интервенираа
(а) Француската влада
107. Француската влада го зазеде ставот дека резервираноста во примената на Конвенцијата, во смисла на обезбедување на „еквивалентна заштита“, не можела да се применува соодветно во актуелниот случај бидејќи мерките што биле поставени од Швајцарија произлегле неопходно од резолуциите на Советот за безбедност на ОН, кои сите држави требале да ги применуваат и кои исто така требале да добијат предимство пред секое друго меѓународно правило. Во овие околности Франција сметаше дека мерките во прашање не можеле да се сметаат дека потпаѓаат во рамките на „јуриздикцијата“ на Швајцарија согласно членот 1 од Конвенцијата; во спротивно поимот ќе останел без значење.
108. Француската Влада посочи дека иако во својата пресуда од 30 јуни 2005 г. во случајот на Bosphorus Hava Yolları Turizm ve Ticaret Anonim Şirketi v. Ireland ([GC], no. 45036/98, ECHR 2005‑VI) Судот ја сметал за компатибилна со членот 1 од Конвенцијата жалбата со која се оспорувала валидноста на националната мерка за спроведување на регулатива на Европските заедници, која и самата произлегла од Резолуција на Советот за безбедност, Судот забележал во таа пресуда дека регулативата на ЕЗ, а не резолуцијата на Советот за безбедност претставувала правна основа за националната мерка во прашање (ibid., § 145).
109. Француската Влада исто така беше убедена дека иако мерките во прашање не се однесувале на мерки спроведени надвор од територијата на земјите членки, како оние во случаите на Бехрами и Бехрами против Франција и Сарамати против Франција, Германија и Норвешка (Behrami and Behrami v. France и Saramati v. France, Germany and Norway ((dec.) [GC], nos. 71412/01 и 78166/01, 2 May 2007)), туку повеќе на мерки спроведени во рамките на домашното право, аргументите кои произлегле од таа судска пракса која произлегла од природата на мисиите на Советот за безбедност и обврските на државите кои произлегле од таму, требале да го водат и Судот во насока да прогласи дека оспорените мерки се на ОН и на тој начин да утврди дека жалбите на жалителот не се компатибилни ratione personae со Конвенцијата. Оттука тие тврдеа дека актуелниот случај му дал на Судот можност да им ги префрли на реалната територија на земјите членки принципите воспоставени во случајот на Бехрами и Бехрами, земајќи ја во предвид хиерархијата на меѓународните правни норми и различните правни сфери кои произлегле од таму.
110. Француската Влада исто така посочи дека во својата пресуда во случајот Кади (види во параграф 83 горе) Судот на правдата на Европските заедница се потпирале на уставната природа на Договорот за ЕЗ за неговото разгледување на регулатива за спроведување на резолуции на Советот за безбедност. Бидејќи таквите размислувања се отсутни во актуелниот случај, француската Влада имала тешкотии да сфати што би можело да го оправда наодот на судот, со игнорирање на членот 103 од Повелбата на ОН, дека Швајцарија била одговорна за спроведувањето на резолуциите кои се барало од неа да ги спроведе и на кои исто така требала да им даде предност пред секоја друга активност.
(б) Владата на Обединетото Кралство
111. Владата на Обединетото Кралство забележа дека забраната за влез и транзитирање била применета против жалителот во контекст на Уредбата за Талибанот, која тие ја сметале како чисто спроведување на резолуциите на Советот за безбедност кои биле обврзувачки за сите држави, усвоени согласно Поглавјето VII од Повелбата на Обединетите нации (членот 25 од таму): обврските кои произлегуваат од тие резолуции на тој начин добиле предимство согласно членот 103 од Повелбата пред сите други меѓународни договори. Во врска со ова Владата на Обединетото Кралство сметаше дека делотворноста на режимот на санкции кој бил воспоставен за да се одржува меѓународниот мир и безбедност би била сериозно компромитиран доколку се дал приоритет на правата кои произлегле од членовите 5 или 8 од Конвенцијата. Тие го зазедоа гледиштето дека, особено во став 2 (б) од Резолуцијата 1390 (2002), Советот за безбедност користел „јасен и експлицитен јазик“ за да им наметне на државите конкретни мерки кои можеле да бидат во конфликт со другите нивни меѓународни обврски, особено оние кои произлегувале од инструментите за човекови права. Упатувајќи на неодамнешната пресуда во случајот на Ал-Џеда против Обединетото Кралство (Al‑Jedda v. the United Kingdom ([GC], no. 27021/08, § 102, ECHR 2011)), тие оттука тврдеа дека тужената држава имала обврска да ги примени мерките во прашање.
(в) ЏАСТИС
112. Организацијата ЏАСТИС сметаше дека режимот на санкции воспоставен со Резолуцијата на Советот за безбедност 1267 (1999) бил изворот на драконски ограничувања на правата од Конвенцијата за лицата што биле ставени на листата како и за нивните семејства, особено правото на почитување на приватниот и семеен живот, правото на уживање во сопственоста и слободата на движење.
113. Сериозноста на таквото попречување на правата од Конвенцијата била влошена од неможноста на лицата на листата делотворно да ја оспорат одлуката да бидат ставени на листата, вклучително и доказната основа за одлуката. Последователно, режимот на санкции исто така не успеал да им обезбеди на тие лица и на нивните семејства право на пристап до суд и право на делотворен правен лек. ЏАСТИС го зазеде гледиштето дека постапките на Комитетот за санкции оттука не обезбедувале еднаква заштита за овие права од Конвенцијата.
114. Тие заклучоци, тие забележа биле отсликани во наодите на Панелот на еминентни правници за тероризам, борба против тероризмот и човекови права, Специјалниот известувач на ОН за тероризам и човекови права и одлуките на Федералниот суд на Канада (Абделразик), Врховниот суд на Обединетото Кралство (Ахмед) и Европскиот суд на правдата (Кади) (види „Relevant international case-law“ и „Relevant case-law of other States“, параграфите 82-92 и 93-101, горе)
115. ЏАСТИС биле убедени дека Судот не бил обврзан да го толкува членот 103 од Повелбата на таков начин што би резултирал со тоа што правата од Конвенцијата би биле тргнати настрана. Особено „одржувањето на меѓународниот мир и безбедност“, иако примарна функција на Советот за безбедност, тоа не било најважното начело ниту на меѓународното право ниту на Повелбата. Во најмала рака еднаква важност му се дало на начелото на почитување на основните права како што и навистина било отсликано во Преамбулата на Повелбата.
3. Оценка на Судот
116. Во контекст на аргументите што беа поставени од странките и третите странки што интервенираа, Судот мораше да утврди дали имал јуриздикција да ги разгледа жалбите што биле поднесени од жалителот. За таа цел ќе мора да се испита дали жалбата потпаѓа во рамките на опсегот на членот 1 од Конвенцијата и на тој начин вклучува одговорност на тужената држава.
(а) Компатибилност ratione personae
117. Членот 1 од Конвенцијата го вели следново:
„Високите страни договорнички им ги признаваат на сите лица под нивна надлежност правата и слободите утврдени во членот I на оваа Конвенција.“
118. Како што е уредено во овој член, ангажманот преземен од земјата договорничка е ограничен на „обезбедување“ (“reconnaître” во францускиот текст) на правата и слободите на лицата од листата во рамките на сопствената „јуриздикција“ (види Al-Skeini and Others v. the United Kingdom [GC], no. 55721/07, § 130, ECHR 2011; Ал-Џеда, цитиран горе, § 74; Banković and Others v. Belgium and 16 Other Contracting States (dec.) [GC], no. 52207/99, § 66, ECHR 2001‑XII; и Soering v. the United Kingdom, 7 July 1989, § 86, Series A no. 161). „Јуриздикцијата согласно членот 1 претставува критериум кој е праг за земјата договорничка да може да се смета одговорна за акти или пропусти кои можат да и се препишат, што поттикнува тврдења на прекршување на правата и слободите утврдени во Конвенцијата (види Ал-Скеини и други, цитиран горе, § 130; Ал-Џеда, цитиран горе, § 74; и Ilaşcu and Others v. Moldova and Russia [GC], no. 48787/99, § 311, ECHR 2004‑VII).
119. Поимот на јуриздикција го отсликува значењето што му се дава на тој термин во јавното меѓународно право (види Assanidze v. Georgia, no. 71503/01, § 137, ECHR 2004-II; Gentilhomme and Others v. France, nos. 48205/99, 48207/99 and 48209/99, § 20, 14 May 2002; и Банковиќ и други, цитиран горе, §§ 59-61),
120. Потпирајќи се на одлуката на Судот во Бехрами и Бехрами (цитиран горе) француската Влада која интервенираше, конкретно, тврдеше дека мерките што биле преземени од страна на земјите членки на Обединетите нации за спроведување на резолуциите на Советот за безбедност согласно Поглавјето VII од Повелбата можеле да им се препишат на Обединетите нации и на тој начин не биле компатибилни ratione personae со Конвенцијата. Судот не може да го прифати тој аргумент. Тие ќе посочат дека во Бехрами и Бехрами судот утврдил дека оспорените акти и пропусти на КФОР, чии овластувања му биле валидно доделени од страна на Советот за безбедност согласно поглавјето VII од Повелбата, и оние на УНМИК, подреден орган на Обединетите нации воспоставен согласно истото Поглавје, можеле директно да им се препишат на Обединетите нации, организација од универзална јуриздикција која ја исполнува својата императивна колективна безбедносна цел (ибид., § 151). Во актуелниот случај, како контраст, релевантните резолуции на Советот за безбедност, особено Резолуциите 1267 (1999), 1333 (2000), 1373 (2001) и 1390 (2002), барале од државите да делуваат во сопствено име и да ги спроведат на национално ниво.
121. Во актуелниот случај мерките изречени од Советот за безбедност биле спроведени на национално ниво со Уредбата на Сојузниот совет и барањата на жалителот за исклучок од забраната за влез на швајцарската територија биле одбиени од швајцарските власти (ИМЕС, потоа ОДМ). Оттука актите во прашање се врзани за националното спроведување на резолуциите на Советот за безбедност на ОН (види mutatis mutandis, Bosphorus Hava Yolları Turizm ve Ticaret Anonim Şirketi, цитиран горе, § 137, и наспроти него Бехрами и Бехрами, цитиран горе, § 151). Наводните повреди на Конвенцијата на тој начин можат да и се препишат на Швајцарија.
122. Мерките во прашање биле применети од страна на Швајцарија во остварувањето на својата „јуриздикција“ во рамките на значењето на членот 1 од Конвенцијата. Оспорените акти и пропусти на тој начин можат да ја повлечат одговорноста на тужената држава согласно Конвенцијата. Исто така следи дека Судот има јуриздикција ratione personae да ја разгледа актуелната жалба.
123. Соодветно на тоа, Судот го отфрли приговорот дека жалбата е некомпатибилна ratione personae со Конвенцијата.
(б) Компатибилност ratione materiae
124. Тужената Влада тврдеше дека актуелната жалба исто така била некомпатибилна ratione materiae со Конвенцијата. Во врска со ова тие ја нагласија обврзувачката природа на резолуциите усвоени од Советот за безбедност согласно Поглавјето VII од Повелбата на Обединетите нации и неговото предимство пред сите други меѓународни договори, во согласност со членот 103 таму.
125. Судот утврди дека овие аргументи се однесуваат повеќе на основаноста на жалбите отколку на нивната компатибилност со Конвенцијата. Последователно, приговорот на тужената Влада за некомпатибилноста ratione materiae на жалбата со Конвенцијата треба са се поврзе со основаноста.
Б. Дали жалителот е „жртва“
1. Изјаснување на странките
126. Тужената Влада посочи дека на 23 септември 2009 г. името на жалителот било избришано од листата приложена со резолуциите на Советот за безбедност кои ги предвидувале оспорените санкции и на 29 септември 2009 г. Уредбата за Талибанот соодветно на тоа била изменета и дополнета и стапила на сила на 2 октомври 2009 г. Оттука, тие тврдеа дека оспорените мерки против жалителот биле во целост укинати. Според мислењето на Владата оттука спорот бил разрешен во рамките на значењето на Членот 37 § 1 (б) од Конвенцијата и како резултат на тоа тие побарале Судот да ја избрише жалбата од својата листа во согласност со таа одредба.
127. Жалителот не се согласи со тој аргумент. Тој сметаше дека самиот факт дека ситуацијата се развила на начин кој резултирал неговото име да биде избришано од листата на Комитетот за санкции, дека Уредбата за Талибанот била соодветно на тоа изменета и дополнета и дека санкциите против него биле повлечени, од почетокот на октомври 2009 не го лишило од неговиот статус на жртва што се однесува до неговите права пред тој датум.
2. Оценка на Судот
128. Во уредената судска пракса на Судот зборот „жртва“ во контекст на членот 34 од Конвенцијата означува лице кое е директно погодено од актот или пропустот во прашање, постоење на повреда на Конвенцијата која е разбирлива дури и во отсуство на штета; штетата е релевантна само во контекст на членот 41. Последователно една одлука или мерка во корист на жалителот не е доволен принцип за негово лишување од статусот на „жртва“ освен ако националните власти не согледале било изречно или суштински и потоа обезбедиле обесштетување за повредата на Конвенцијата (види, меѓу другите извори, Gäfgen v. Germany [GC], no. 22978/05, § 115, ECHR 2010; Association Ekin v. France (dec.), no. 39288/98, 18 January 2000; Brumărescu v. Romania [GC], no. 28342/95, § 50, ECHR 1999‑VII; Amuur v. France, 25 June 1996, § 36, Reports of Judgments and Decisions 1996‑III; и Eckle v. Germany, 15 July 1982, § 66, Series A no. 51).
129. Во актуелниов случај, Судот забележува дека санкциите изречени против жалителот биле подигнати и дека сега му е дозволено да ја мине границата на Кампионе д’Италиа за да влезе или мине низ Швајцарија слободно. Меѓутоа подигнувањето на санкциите за кое не било одлучено до септември-октомври 2009 г., не го лишиле жалителот од неговиот статус на жртва на ограничувања од кои тој страдал од моментот кога неговото име било додадено на листата на Комитетот за санкции во ноември 2001 г., и на листата приложена со Уредбата за Талибанот, или најмалку од 27 ноември 2003 г., кога бил информиран дека повеќе не му било дозволено да ја преминува границата (види во параграф 26 горе). Подигнувањето на санкциите не може да се смета за признание на Владата, дури и имплицитно, на повреда на Конвенцијата, за потребите на горе цитираната судска пракса. Исто така не било проследено со никакво обесштетување согласно значењето на таа судска пракса.
130. Соодветно на тоа, жалителот може да тврди дека е жртва на наводни повреди на Конвенцијата за период од најмалку шест години. Како резултат на тоа приговорот на Владата за наводниот недостаток на статус на жртва би бил отфрлен.
В. Дали домашните правни лекови биле исцрпени
1. Изјаснување на странките
(а) Тужената Влада
131. Тужената Влада забележа дека според режимот на санкции на Советот за безбедност, исклучоците од забраната за влез и транзитирање би можела да бидат дозволени кога биле потребни за исполнување на судскиот процес или од други причини, особено од медицинска, хуманитарна или религиозна природа, предмет на одобрение од Комитетот за санкции (види во Резолуција 1390 (2002), став 2(б)). За да се земат во предвид таквите ситуации, членот 4а § 2 од Уредбата за Талибанот предвидел Сојузното биро за миграција (ОДМ) во согласност со одлуките на Советот за безбедност и заради заштита на швајцарските интереси да може да дозволи исклучоци.
132. Владата тврдеше дека различните одлуки на Бирото не биле обжалени и дека активностите преземени пред него се однесувале само на прашањето на отстранување од листата на жалителот и организациите поврзани со него од Анекс 2 на Уредбата за Талибанот.
133. Владата посочи дека и пред и после пресудата на Сојузниот суд жалителот не се жалел против ниедна одлука на поранешното Сојузно биро за имиграција, интеграција и емиграција (ИМЕС, инкорпорирани во ОДМ при неговото формирање во 2005) или на ОДМ во врска со исклучоците од режимот на санкции. Дополнително, властите дозволиле исклучоци (со одлуките од 20 септември 2006 г. и 11 септември 2008) кои не биле искористени од жалителот. Жалителот во врска со ова објаснил дека времетраењето на исклучоците не биле доволни со оглед на неговата возраст и далечината за да може да го оствари планираното патување. Во однос на ова Владата посочи дека првиот исклучок, за еден ден, бил дозволен за патување во Милано во врска со судска постапка и дека му требало само еден час со автомобил од Кампионе д’Италиа до центарот на Милано. Вториот исклучок, за два дена, му бил дозволен на жалителот за патување во Берн и Сион, и обата града на помалку од три и пол часа патување со автомобил од Кампионе.
134. Конечно Владата тврдеше дека жалителот во секое време можел да побара да се пресели, дури и привремено во друг дел од Италија, земјата чиј државјанин бил. Таквото барање би било поднесено од надежниот швајцарски орган (ИМЕС, потоа ОДМ) до Комитетот за санкции. Со оглед дека санкциите се формулирани во општа смисла, Владата сметаше дека Комитетот најверојатно би го одобрила селењето на жалителот.
135. Од овие причини Владата се изјасни дека жалителот не ги исцрпил домашните правни лекови.
(б) Жалителот
136. Во врска со првите три одбивања од ОДМ (26 март 2004 г., 11 мај 2007 г. и 2 август 2007 г.), жалителот оспорил дека немало никаква јасна домашна судска пракса за тоа дали швајцарските власти имале некакво дискреционо право во доделувањето на исклучоци од ограничувањата што му се наметнати и дека не се обезбедени никакви појаснувања од страна на Сојузниот суд во врска со ова. Понатаму, се чини дека не се преземени никакви активности од страна на ОДМ или некој друг орган за разјаснување на позицијата во врска со дозволувањето на исклучоци. Во своето изјаснување затоа не може да се каже дека постоел делотворен правен лек во рамките на значењето на судската пракса на Судот.
137. Што се однесува до аргументот на Владата дека тој не успеал да ги искористи исклучоците што му биле доделени од страна на ОДМ (на 20 септември 2006 г. и 11 септември 2008 г.) тој тврдеше дека тие се однесувале само на делумно повлекување на мерките што му биле изречени во однос на самата специфична ситуација. Со оглед на неговата возраст и времетраењето на патувањата тој тврдел дека исклучоците за еден или два дена биле далеку од доволни.
138. Што се однесува до режимот на општите санкции, жалителот се изјаснил дека тој ги исцрпил домашните правни лекови бидејќи тој ги оспорил пред Сојузниот суд ограничувањата кои му биле изречени со Уредбата за Талибанот, на кои се жалел пред Судот.
139. Жалителот понатаму забележал дека аргументот на Владата дека барање да се пресели во друг дел од Италија би имало поголема шанса за успех отколку барање да биде отстранет од листата претставувало чиста шпекулација. Тој исто така посочил дека таквата опција – која тој не сметал дека е можна во неговиот случај, особено затоа што замрзнувањето на неговиот имот со режимот на санкции и фактот дека тоа не било предвидено од Сојузниот суд – во секој случај би обесштетило само дел од оспорените ограничувања.
2. Оценка на Судот
140. Судот повторува дека единствените правни лекови што членот 35 од Конвенцијата бара да се исцрпат се оние коишто се достапни и доволни и се поврзани со наводните прекршувања (види Tsomtsos and Others v. Greece, 15 November 1996, § 32, Reports 1996‑V).
141. Товарот на докажување е на Владата која тврдеше дека имало неисцрпување за да го задоволи Судот дека делотворен лек бил достапен во теорија и пракса во релевантното време; односно дека правниот лек бил достапен, можел да обезбеди обесштетување во однос на жалбите на жалителот и нудел разумна перспектива за успех (види V. v. the United Kingdom [GC], no. 24888/94, § 57, ECHR 1999‑IX).
142. Исто така, од еден жалител кој искористил правен лек којшто е наводно делотворен и доволен не може да се бара да проба и други кои биле достапни но најверојатно не повеќе успешни (види, на пример, Aquilina v. Malta [GC], no. 25642/94, § 39, ECHR 1999‑III, и Manoussakis and Others v. Greece, 26 September 1996, § 33, Reports 1996‑IV).
143. Во актуелниот случај Судот забележува дека жалителот не го оспорил одбивањето од ИМЕС и ОДМ да ги одобрат неговите барања за исклучок од режимот на санкции и дека во две прилики добил исклучок што тој не го искористил (види во параграфите 34 и 57 горе).
144. Меѓутоа, дури и претпоставката дека тие исклучоци олесниле одредени последици од режимот на санкции со тоа што му било дозволено да ја напушти енклавата Кампионе д’Италиа заради здравствени или правни прашања, Судот смета дека прашањето на исклучоците било дел на поширока ситуација чие потекло лежело во додавањето од страна на швајцарските власти на името на жалителот на листата приложена кон Уредбата за Талибанот која се базирала на листата на Комитетот за санкции. Во врска со ова треба да се забележи дека жалителот поднел многу барања до националните власти за бришење на неговото име од листата приложена кон Уредбата за Талибанот – барања кои му биле одбиени од СЕЦО и Сојузното министерство за економски прашања (види во параграфите 30-32 горе). Сојузниот совет, до кој тој се жалел против одлуката на Министерството, го упатил случајот до Сојузниот суд. Во пресудата од 14 ноември 2007 г. судот ја отфрлил неговата жалба без да ја испита основаноста на жалбата согласно Конвенцијата. Последователно Судот зазеде став дека жалителот ги исцрпил домашните правни лекови во врска со режимот на санкции како целина, чија примена во неговиот случај произлегла од додавањето на неговото име на листата приложена со Уредбата за Талибанот.
145. Во овие околности, Судот не утврди дека е неопходно да се осврне во таа фаза на аргументот посочен од Владата во смисла дека од жалителот можело разумно да се очекува да се отсели од Кампионе д’Италиа, каде што живеел уште од 1970 г., во друг регион на Италија. Тоа прашање од друга страна ќе игра одредена улога кога ќе дојде до испитување на пропорционалноста на оспорените мерки (види во параграф 190 долу).
146. Што се однесува до жалбата согласно членот 8 дека додавањето на името на жалителот на листата приложена со Уредбата за Талибанот ја повредило неговата чест и углед, Судот признал дека било покренато барем во суштина пред домашните власти. Жалителот навистина тврдел дека внесувањето на неговото име на листата на Комитетот за санкции исто така достигнало ниво на негово јавно обвинување дека е поврзан со Осама бин Ладен, Ал Каеда и Талибанот, а тоа не било точно (види во параграфите 33 и 38 горе).
147. Последователно, Судот го отфрла приговорот на Владата за недопуштеноста на жалбата заради неисцрпување на домашните правни лекови во однос на жалбите на жалителот согласно членовите 5 и 8.
148. Што се однесува до жалбата согласно членот 13 Судот утврди дека приговорот за неисцрпување на правните лекови е тесно поврзано со основаноста на жалбата. Соодветно на тоа Судот ја поврзува со основаноста.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
149. Жалителот се жалел дека мерката со која нему му било забрането да влезе или минува низ Швајцарија го прекршила неговото право на почитување на неговиот приватен живот, вклучително неговиот професионален живот и неговиот семеен живот. Тој тврдел дека оваа забрана го спречила да отиде кај своите лекари во Италија или во Швајцарија и да ги посети пријателите и семејството. Тој понатаму тврдел дека додавањето на неговото име на листата приложена на Уредбата за Талибанот ги повредило неговата чест и углед. Како поткрепа на овие жалби тој се потпирал на членот 8 од Конвенцијата која го вели следново:
„1. Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, или економската благосостојба на земјата, спречување на нереди или кривично дело, заштитата на здравјето или моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.“
А. Допуштеност
150. Судот утврди дека тој најпрво треба да ја испита применливоста на членот 8 од актуелниот случај.
151. Тој повтори дека „приватниот“ живот е широк термин кој не подложи на исцрпната дефиниција (види, на пример, Glor v. Switzerland, no. 13444/04, § 52, ECHR 2009; Tysiąc v. Poland, no. 5410/03, § 107, ECHR 2007‑I; Hadri-Vionnet v. Switzerland, no. 55525/00, § 51, 14 February 2008; Pretty v. the United Kingdom, no. 2346/02, § 61, ECHR 2002‑III; и S. and Marper v. the United Kingdom [GC], nos. 30562/04 and 30566/04, § 66, ECHR 2008). Судот утврди дека здравствената состојба заедно со физичкиот и моралниот интегритет, потпаѓаат под сферата на приватниот живот (види, Глор, цитиран горе, § 54, и X and Y v. the Netherlands, 26 March 1985, § 22, Series A no. 91; види исто така Costello-Roberts v. the United Kingdom, 25 March 1993, § 36, Series A no. 247‑C). Правото на приватен живот исто така го опфаќа правото на личен развој и воспоставување и развој на односи со други човечки суштества и надворешниот свет општо гледано (види, на пример, С. и Марпер, цитиран горе, § 66).
152. Исто така треба да се забележи дека Членот 8 исто така го штити правото да се почитува „семејниот живот“. Согласно таа одредба Државата мора особено да делува на начин пресметан за да им дозволи на засегнатите лица да живеат нормален семеен живот (види Marckx v. Belgium, 13 June 1979, § 31, Series A no. 31). Судот утврдува постоење на семеен живот од случај до случај, разгледувајќи ги околностите на секој случај. Релевантниот критериум во такви случаи е постоењето на делотворни врски меѓу засегнатите лица (ibid.; види исто така K. and T. v. Finland [GC], no. 25702/94, § 150, ECHR 2001‑VII, и Şerife Yiğit v. Turkey [GC], no. 3976/05, § 93, 2 November 2010).
153. Судот понатаму потврди дека членот 8 исто така го штити правото на почитување на домот (види, на пример, Gillow v. the United Kingdom, 24 November 1986, § 46, Series A no. 109).
154. Во контекст на судската пракса, Судот утврди дека жалбите поднесени од жалителот согласно членот 8 навистина треба да се разгледаат согласно тој член. Не може да се исклучи дека мерката со која му се забранува да влезе во Швајцарија го спречувала – или во најмала рака му отежнувала – да ги консултира своите лекари во Италија или во Швајцарија или да ги посети своите пријатели и семејство. Членот 8 оттука се применува во актуелниот случај и за неговиот „приватен живот“ и за неговиот „семеен живот“.
155. Понатаму, оваа жалба не е очигледно лошо заснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата и никаков друг основ за нејзино прогласување за недопуштена не е утврден. Затоа мора да се прогласи за допуштена.
Б. Основаност
1. Изјаснување на странките
(а) Жалителот
156. Жалителот тврдел дека ограничувањата на неговата слобода на движење го спречиле да учествува на семејни собири (како што се погреби или свадби) кои се случиле во периодот кога тој не можел слободно да патува заради режимот на санкции. На тој начин тој тврдел дека е жртва на повреда на неговото право на почитување на неговиот приватен и семеен живот. Во врска со ова тој тврдел дека со неговиот статус како италијански државјанин, а не лице со престој на територијата на тужената држава, не го попречувал да се жали на повреда на неговите права од страна на Швајцарија, особено со оглед на многу посебната ситуација на енклавата Кампионе д’Италиа која била опкружена од швајцарска територија. Тој дури и зазел став дека со оглед на интеграцијата на Кампионе д’Италиа во Кантонот Тичино, особено неговата економска интеграција, би било соодветно за швајцарските власти да го третираат за швајцарски државјанин за потребите на режимот на санкции. Исто така тој тврдеше дека спротивно на тврдењата на Владата тој немал можност да живее на друго место во Италија.
157. Жалителот понатаму забележува дека додавањето на неговото име на листата приложена на Уредбата за Талибанот им наштетило на неговата чест и углед со оглед дека листата ги содржела имињата на лица осомничени за помагање во финансирање на тероризам. Во прилог на таквото гледиште тој упатил на случајот на Сајади и Винк против Белгија (види во параграфите 88-92 горе) во кој Комитетот за човекови права утврдил дека додавањето на имињата на жалителите на листата на Комитетот за санкции претставувало незаконски напад на нивната чест.
158. Во изјаснувањето на жалителот, тие околности биле влошени од фактот дека нему никогаш не му била дадена можност да ја оспори основаноста на тврдењата против него.
159. На тој начин имало повреда на членот 8 по различни основи.
(б) Тужената Влада
160. Владата забележа дека жалителот имал слобода да прима секакви посети какви што ќе посакал во Кампионе д’Италиа, особено од неговите внуци. Жалителот не тврдел дека било невозможно или особено тешко за неговото семејство или пријатели да оди во Кампионе д’Италиа каде можел да го води својот семеен и социјален живот како што му одговарало без никакви ограничувања. Што се однесува до посебни настани, како што се венчавка на пријател или роднина, тој можел да бара исклучок од правилата што се применувале. Дополнително на тоа, како што е прикажано во врска со исцрпувањето на домашните правни лекови, жалителот можел да побара да се пресели во друг дел на Италија. Конечно Конвенцијата не го штитела правото на странски државјанин да посети една држава која му забранила да влезе во неа од едноставна причина да го задржи своето место на живеење во енклава која не можел да ја напушти без да мине низ таа држава. Од сите тие причини Владата сметала дека оспорените мерки не претставувале мешање во правата гарантирани со членот 8.
161. Како одговор на тврдењата на жалителот дека тој не можел да ги открие факторите кои довеле до оспорените мерки или да ги оспори пред суд, Владата изјавила дека, како што е прикажано во претходните набљудувања, оспорените мерки не ги прекршиле правата на жалителот согласно членот 8. Последователно, процедуралниот аспект на таа одредба не била применлива.
162. Од овие причини Владата сметала дека ограничувањата што биле изречени не претставувале мешање во правата на жалителот согласно членот 8. Доколку Судот го утврдел спротивното, Владата тврдела дека мерката во секој случај била неопходна во едно демократско општество согласно членот 8 § 2
2. Оценка на Судот
(a) Дали имало попречување
163. Судот утврди дека е соодветно да се започне со испитување на тврдењата на жалителот дека претрпел попречување на неговото право да му се почитува приватниот и семеен живот на сметка на фактот дека му бил забранет влез или минување низ Швајцарија.
164. Судот повторува дека една држава има право како предмет на добровоспоставено меѓународно право и нејзините договорни обврски да го контролира влезот на нејзина територија на оние што не се нејзини државјани. Со други зборови Конвенцијата како таква не го гарантира правото на еден странец да влезе во одредена земја (види, меѓу другите извори, Maslov v. Austria [GC], no. 1638/03, § 68, ECHR 2008; Üner v. the Netherlands [GC], no. 46410/99, § 54, ECHR 2006‑XII; Boujlifa v. France, 21 October 1997, § 42, Reports 1997‑VI; и Abdulaziz, Cabales and Balkandali v. the United Kingdom, 28 May 1985, § 67, Series A no. 94).
165. Во актуелниот случај Судот забележува дека Сојузниот суд утврдил дека оспорената мерка претставувала значително ограничување на слободата на жалителот (види во параграф 52 горе) бидејќи се наоѓал во специфична ситуација заради местоположбата на Кампионе д’Италиа, енклава опкружена од швајцарскиот Кантон Тичино. Судот би го поддржал таквото мислење. Тој го зазема ставот дека мерката која го спречила жалителот да ја напушти многу ограничената област на Кампионе д’Италиа во период од најмалку шест години најверојатно му отежнала да го оствари своето право да одржува контакти со други – особено неговите пријатели и семејство – кои живееле надвор од енклавата (види, mutatis mutandis, Agraw v. Switzerland, no. 3295/06, § 51, и Mengesha Kimfe v. Switzerland, no. 24404/05, §§ 69-72, обете пресуди од 29 јули 2010 г.).
166. Со оглед на горекажаното, Судот утврди дека имало попречување на правото на жалителот на почитување на неговиот приватен и семеен живот во рамките на значењето на членот 8 § 1.
(б) Дали попречувањето било оправдано
167. Мешањето во правото на жалителот на почитување на неговиот приватен и семеен живот како што е утврдено погоре ќе го прекрши членот 8, освен ако не ги исполни условите од став 2 од таа одредба. На тој начин останува да се утврди дали било „во согласност со законот“, водени од една или повеќе легитимни цели набројани во тој став и дали било „неопходно во едно демократско општество“ да се постигнат такви цели. Судот утврди дека е соодветно најпрво да потврди одредени принципи кои ќе го водат во неговите последователни испитувања.
(i) Општи принципи
168. Според воспоставената судска пракса, земјата договорничка е одговорна согласно членот 1 од Конвенцијата за сите акти и пропусти на неговите органи без разлика дали актот или пропустот во прашање бил последица на домашното право или на потребата од почитување на меѓународните правни обврски. Членот 1 не прави разлика меѓу видот на правилото или мерката и не исклучува никаков дел од „јуриздикцијата“ на земјата договорничка од проверка согласно Конвенцијата (види, Bosphorus Hava Yolları Turizm ve Ticaret Anonim Şirketi, цитиран горе, § 153, и United Communist Party of Turkey and Others v. Turkey, 30 January 1998, § 29, Reports 1998-I). Обврските од Договорот кои во државата станале правосилни откако Конвенцијата стапила на сила во однос на таа држава на тој начин можат да ја наметнат обврската за потребите на Конвенцијата (види Al‑Saadoon and Mufdhi v. the United Kingdom, no. 61498/08, § 128, ECHR 2010, и Bosphorus Hava Yolları Turizm ve Ticaret Anonim Şirketi, цитиран горе, § 154, и случаите цитирани таму).
169. Исто така Судот повтори дека Конвенцијата не може да биде толкувана во вакуум туку мора да се толкува во хармонија со општите принципи на меѓународното право. Мора да се земат во предвид, како што е посочено во членот 31§ 3 (в) од Виенската конвенција од 1969 г. за договорното право, „сите релевантни правила на меѓународното право што може да се применат во односите меѓу странките“, и особено правилата во врска со меѓународната заштита на човековите права (види, на пример, Neulinger and Shuruk v. Switzerland [GC], no. 41615/07, § 131, ECHR 2010; Al‑Adsani v. the United Kingdom [GC], no. 35763/97, § 55, ECHR 2001-XI; и Golder v. the United Kingdom, 21 February 1975, § 29, Series A no. 18).
170. Кога се креираат нови меѓународни обврски од државите се очекува да не отстапуваа од своите претходни обврски. Кога низа наводни контрадикторни инструменти се применуваат истовремено меѓународната судска пракса и академската мисла се обидуваат да ги протолкуваат на начин за да ги координираат нивните последици и да избегнат некакво спротивставување меѓу нив. Затоа две обврски што се разликуваат мораат да бидат усогласени колку што е можно за да обезбедат ефекти кои се целосно во согласност со постојното право (види, во оваа насока, Ал-Саадоон и Муфди, цитиран горе, § 126; Ал-Адсани, цитиран горе, § 55; и одлуката во случајот Банковиќ , цитиран горе, §§ 55-57; види ги исто така упатувањата цитирани во извештајот на студиската група на ИЛЦ насловен Фрагментација на меѓународното право: проблемите што произлегуваат од разновидноста и проширувањето на меѓународното право“ -„Fragmentation of international law: difficulties arising from the diversification and expansion of international law“, параграф 81 горе).
171. Што се однесува, поконкретно, на прашањето на врската меѓу Конвенцијата и резолуциите на Советот за безбедност, Судот го утврди следново во својата пресуда во случајот Ал-Џеда (цитиран горе):
„101. Членот 103 од Повелбата на Обединетите нации уредува дека обврските на земјите членки на Обединетите нации согласно Повелбата ќе надвладеат во случај на конфликт со обврските согласно некој друг меѓународен договор. Пред да разгледа дали членот 103 имал некаква примена во актуелниот случај, Судот мора да утврди дали имало конфликт меѓу обврските на Обединетото Кралство согласно Резолуцијата 1546 на Советот за безбедност на Обединетите нации и неговите обврски согласно членот 5 § 1 од Конвенцијата. Со други зборови клучното прашање е дали Резолуцијата 1546 го обврзала Обединетото Кралство да го држи жалителот во интернација.
102. Во својот пристап во толкувањето на Резолуцијата 1546 Судот упатува на размислувањата дадени во параграф 76 горе. Дополнително, Судот мора да ја има на ум целта за која Обединетите нации се формирани. Како и целта за одржување на меѓународен мир и безбедност, утврдени во првиот потстав од членот 1 од Повелбата на Обединетите нации, третиот потстав уредува дека Обединетите нации биле формирани за да ‘постигнат меѓународна соработка во ... промовирањето и охрабрувањето на почитувањето на човековите права и основни слободи’. Членот 24(2) од Повелбата на Советот за безбедност, во укинувањето на своите обврски во однос на неговата основна одговорност за одржување на меѓународниот мир и безбедност, за да се ‘делува во согласност со целите и принципите на Обединетите нации’. Наспроти ова, Судот смета дека во толкувањето на своите резолуции мора да постои пресумпција дека Советот за безбедност нема намера да наметне никаква обврска за земјите членки со која ќе ги прекршат основните принципи на човековите права. Во случај на двосмисленост во однос на Резолуцијата на Советот на безбедност, Судот затоа мора да го избере толкување кое е најусогласено со барањата на Конвенцијата и кое избегнува секаков конфликт на обврски. Во контекст на важната улога на Обединетите нации во промовирањето и охрабрувањето на почитувањето на човековите права може да се очекува дека јасен и експлицитен јазик би се применил доколку Советот за безбедност имал намера државите да преземат одредени мерки кои би биле во конфликт со нивните обврски согласно законот за човекови права.“
172. Големиот судски совет ги потврдува тие принципи. Меѓутоа, во актуелниот случај забележува дека спротивно на состојбата во Ал-Џеда каде формулацијата на резолуцијата во прашање конкретно не споменува интернирање без судење, Резолуцијата 1390 (2002) изречно бара од државите да ги спречат лицата што се на листата на Обединетите нации да влезат или транзитираат низ нивната територија. Како резултат гореспоменатата пресумпција е отфрлена во актуелниот случај, со оглед на јасниот и експлицитен јазик кој наметнува обврска за преземање на мерки кои можат да ги прекршат човековите права, а кои биле употребени во таа резолуција (види исто така во став 7 од Резолуцијата 1267 (1999), параграф 70 горе, во кој Советот за безбедност бил дури и поексплицитен во укинувањето на некои други меѓународни обврски кои би можеле да не се компатибилни со резолуцијата).
(ii) Правната основа
173. Судот забележува дека прашањето на постоење на правна основа не е прашање за расправа меѓу странките. Забележува дека оспорените мерки биле преземени согласно Уредбата за Талибанот, усвоена за спроведување на релевантните резолуции на Советот за безбедност. Да бидеме прецизни забраната за влез и транзитирање низ Швајцарија се засновала врз членот 4а од Уредбата (види во параграф 66 горе). Затоа мерките имале доволно правна основа.
((iii) Легитимна цел
174. Жалителот не се чини дека отфрлил дека оспорените ограничувања биле изречени во согласност со легитимни цели. Судот ги утврди за воспоставени дека тие ограничувања имале една или повеќе легитимни цели набројани во членот 8 § 2: најпрво тие имале за цел да спречат криминал и второ со оглед дека релевантните резолуции на Советот за безбедност биле усвоени за да се борат против меѓународниот тероризам согласно Поглавјето VII од Повелбата на Обединетите нации („Дејствија во однос на закани по мирот, повреди на мирот и чинови на агресија“) тие исто така можеле да придонесат кон националната безбедност и јавна сигурност на Швајцарија.
(iv) „Неопходни во едно демократско општество“
(α) Спроведување на резолуциите на Советот за безбедност
175. Тужената Влада заедно со владите на Франција и Обединетото Кралство, кои интервенираа како трети странки, тврдеа дека швајцарските власти немале слобода да дејствуваат во спроведувањето на релевантните резолуции на Советот за безбедност во актуелниот случај. Затоа Судот најпрво морал да ги преиспита овие резолуции за да се утврди дали тие им дале на државите некаква слобода во нивното спроведување и особено дали тие им дозволиле на властите да ја земат во предвид многу специфичната ситуација на жалителот и оттука да ги исполнат барањата од членот 8 од Конвенцијата. За да го стори тоа ќе се земе во предвид пред сè формулацијата на овие резолуции и контекстот во кој истите се усвоени (види Ал-Џеда, цитиран горе, § 76, каде што е цитирано упатување на релевантната судска пракса на Меѓународниот суд на правдата). Исто така ќе се земат во предвид целите по кои се водат овие резолуции (види ја, за таа цел, пресудата на СПЕЗ, во случајот Кади, § 296, параграф 86 горе), како што главно е кажано во преамбулите, прочитани во контекст на целите и принципите на Обединетите нации.
176. Судот забележува дека Швајцарија станала членка на Обединетите нации дури на 10 септември 2002 г.; а Уредбата за Талибанот била усвоена на 2 октомври 2000 г. пред дури и да стане членка на таа организација, кога пак била обврзана од Конвенцијата. Слично на тоа на домашно ниво била применувана забраната за влез и транзитирање што се однесува до жалителот, како што се барало со Резолуцијата 1390 (2002) од 16 јануари 2002 г. (види параграф 74 горе), на 1 мај истата година со измените и дополнувањата на членот 4а од Уредбата на Талибанот. Судот согледа дека оваа резолуција, особено во смисла на ставот 2 била упатена до „сите држави“. а не само членките на Обединетите нации. Меѓутоа Судот забележува дека Повелбата на Обединетите нации не им наметнува на државите конкретен модел за спроведување на резолуциите усвоени од Советот за безбедност согласно Поглавјето VII. Без предрасуди кон обврзувачката природа на таквите резолуции, Повелбата во принцип им остава на земјите членки на ОН слободен избор кај различните можни модели за префрлање на овие резолуции во нивниот домашен правен поредок. На тој начин Повелбата на државите им ја наметнува обврската за резултат, оставајќи ги самите да ги изберат средствата со кои тие ќе ги применуваат резолуциите (за истата цел види mutatis mutandis, пресудата на СПЕЗ во случајот Кади, § 298, параграф 86 горе).
177. Во актуелниот случај жалителот главно ја оспорува забраната на Швајцарија за влез и транзитирање која била примената против него особено со примената на Резолуцијата 1390 (2002). Додека во став 2(б) од истата Резолуција се бара од државите да преземат такви мерки, се вели дека забраната „не важи кога влезот или транзитирањето [биле] неопходни за одржување на судски процес...“ (види во параграф 74 горе). Според гледиштето на Судот, терминот „неопходно“ треба да се толкува од случај до случај.
178. Дополнително на ова во став 8 од Резолуцијата 1390 (2002) Советот за безбедност „[апелира] сите држави веднаш да преземат чекори за спроведување и зајакнување преку усвојување на законски или административни мерки, онаму каде што тоа е можно, мерки наметнати согласно домашните закони или регулативата против нивни државјани и други лица или организации кои дејствуваат на нивна територија...“ (види во параграф 74 горе). Формулацијата „онаму каде што тоа е можно“ исто така има ефект на давање на одредена флексибилност на националните власти во начинот на спроведување на резолуциите.
179. Конечно, Судот би сакал да упати на претставката со која Комисијата за надворешна политика на швајцарскиот Национален совет побарала од Сојузниот совет да го информира Советот за безбедност на ОН дека повеќе нема да ги применува санкциите пропишани против поединци опфатени со резолуциите за борба против тероризмот безусловно (види во параграф 63 горе). Иако таа претставка била доста општо формулирана, сепак може да се каже дека случајот на жалителот бил една од главните причини за да биде усвоен. Во секој случај според мислењето на Судот швајцарскиот парламент во усвојувањето на таа претставка ја изразил својата намера да дозволи одредена дискреција во примената на резолуциите на Советот за безбедност за борба против тероризмот.
180. Со оглед на претходното, Судот утврди дека Швајцарија ужива одредена слобода во делувањето, која мора да се признае била ограничена но сепак реална во спроведувањето на релевантните обврзувачки резолуции на Советот за безбедност на ОН.
(β) Дали попречувањето било сразмерно во актуелниот случај
181. Попречување ќе се смета за „неопходно во едно демократско општество“ за легитимна цел доколку одговори на „ургентна општествена потреба“ и особено доколку е сразмерно на легитимната цел која се сака да се оствари и ако причините кои се изнесени од националните власти за негово оправдување се „релевантни и доволни“ (види, на пример, С. и Марпер, цитирани горе, § 101, и Coster v. the United Kingdom [GC], no. 24876/94, § 104, 18 January 2001, со случаите кои се цитирани таму).
182. Предметот и целта на Конвенцијата, како договор за човекови права да ги штити поединците на објективна основа (види Нојлингер и Шурук, цитиран горе, § 145), бараат нејзините одредби да се толкуваат и применуваат на начин кој ги прави нејзините гаранции практични и делотворни (види, меѓу другото, Artico v. Italy, 13 May 1980, § 33, Series A no. 37). Оттука, за да се обезбеди „почитување“ за приватниот и семејниот живот во рамките на значењето на членот 8, реалноста на секој случај мора да се земе во предвид за да се избегне механичката примена на домашното право во дадената ситуација (види, mutatis mutandis, Emonet and Others v. Switzerland, no. 39051/03, § 86, 13 December 2007).
183. Судот претходно утврди дека за мерката да се смета за сразмерна и потребна во едно демократско општество, можноста за прибегнување кон алтернативна мерка која би предизвикала помала штета на основното право во прашање додека се исполнува истата цел мора да се исклучи (види Глор, цитиран горе, § 94).
184. Во секој случај, конечната проценка за тоа дали попречувањето било неопходно останува нешто што треба да биде разгледано од Судот заради усогласеност со барањата на Конвенцијата (види, на пример, С. и Марпер, цитиран горе, § 101, и Костер, цитиран горе, § 104). Мора да се остави маргина на дискреција на надлежните национални власти во врска со ова. Ширината на оваа маргина варира и зависи од низа фактори вклучително и природата на правото од Конвенцијата што е во прашање, неговата важност за поединецот, природата на попречувањето и предметот на попречувањето (види С. и Марпер, цитиран горе, § 102).
185. За да се осврне на прашањето дали мерките што се преземени против жалителот биле сразмерни на легитимната цел која тие требале да ја остваруваат и дали причините наведени од националните власти биле „релевантни и доволни“, Судот мора да испита дали швајцарските власти во доволна мерка ја земале во предвид специфичната природа на неговиот случај и дали тие ги усвоиле, во контекст на нивното дискреционо право, мерките кои биле барани за да се усвои режим на санкции во конкретната ситуација на жалителот.
186. При тоа Судот е подготвен да го земе во предвид фактот дека заканата од тероризам била особено сериозна во времето на усвојување на резолуциите што ги пропишуваат тие санкции, меѓу 1999 и 2002 г. Тоа е недвосмислено прикажано и во формулацијата на резолуцијата и од контекстот во кој тие биле усвоени. Меѓутоа, одржувањето или дури и зајакнувањето на тие мерки во текот на годините мора да се објасни и оправда на убедлив начин.
187. Судот забележува во врска со ова дека истрагите спроведени од страна на швајцарските и италијанските власти заклучиле дека сомнежите за учеството во активностите поврзани со меѓународниот тероризам биле јасно неосновани. На 31 мај 2005 г. швајцарскиот сојузен обвинител ја затворил истрагата отворена за жалителот во октомври 2001 г., а на 5 јули 2008 г. италијанската Влада поднела до Комитетот за санкции барање за жалителот да биде отстранет од листата врз основ дека постапките против него во Италија биле прекинати (види во параграф 56 горе). Сојузниот суд од своја страна забележал дека државата која ги спровела истрагите и кривичните постапки самата не можела да го изврши бришењето, но во најмала рака можела да ги пренесе резултатите од своите истраги до Комитетот за санкции и да побара или поддржи лицето да биде отстрането од листата (види во параграф 51 горе).
188. Во врска со ова Судот е изненаден од тврдењата дека швајцарските власти не го информирале Комитетот за санкции до 2 септември 2009 г. за заклучоците од истрагата која била затворена на 31 мај 2005 г. (види во параграф 61). Меѓутоа, забележувајќи дека вистинитоста на ова тврдење не е оспорено од Владата, и без таа да даде некакво објаснување за таквото одолговлекување, Судот смета дека побрзото известување за заклучоците на истражните власти можело да доведе до бришење на името на жалителот од листата на Обединетите нации во прана фаза, со што значително би се намалил временскиот период во кој тој бил подложен на ограничување на неговите права согласно членот 8 (види во врска со ова, Сајади и Винк (Комитетот за човекови права), § 12, параграфи 88-92 горе).
189. Што се однесува на забраната во прашање, Судот нагласува дека тоа го попречило жалителот не само да влезе во Швајцарија туку исто така воопшто и да го напушти Кампионе д’Италиа со оглед дека било енклава, дури и да патува во кој било дел од земјата чиј државјанин бил, без да го прекрши режимот на санкции.
190. Исто така, Судот смета дека од жалителот не можело разумно да се бара да се отсели од Кампионе д’Италиа каде што живеел уште од 1970 г. и да се насели во друг регион на Италија, особено со оглед дека не може да се отфрли фактот дека како резултат на замрзнувањето на неговите средства изречено согласно став 1 (ц) од Резолуцијата 1373 (2001) (види во параграф 73 горе), тој не можел повеќе слободно да располага со целиот свој имот и средства. Без разлика дали барањето за одобрение да го пресели домот би имало некаква шанса да биде одобрено, треба да се посочи дека правото на почитување на домот е заштитено со членот 8 од Конвенцијата (види, на пример, Prokopovich v. Russia, no. 58255/00, § 37, ECHR 2004‑XI, и Гилоу, цитиран горе, § 46).
191. Судот понатаму забележа дека актуелниот случај има медицински аспект што не треба да се занемари. Жалителот е роден во 1931 г. и има здравствени проблеми (види во параграф 14 горе). И самиот Сојузен суд утврдил дека иако членот 4a § 2 од Уредбата за Талибанот бил формулиран повеќе како одредба што овозможува, тој не ги обврзувал властите да дозволат исклучок од сите случаи каде режимот на санкции на ОН е дозволен со оглед дека подалекусежно ограничување на слободата на движење на поединецот не би било оправдано ниту од резолуциите на Советот за безбедност ниту од јавниот интерес и би било несразмерно во контекст на конкретната ситуација на жалителот (види во параграф 52 горе).
192. Во реалност ИМЕС и ОДМ одбиле низа барања за исклучоци од забраната за влез и транзитирање кои биле поднесени од страна на жалителот од медицински причини или во врска со судските постапки. Тој не се жалел против овие одбивања. Исто така во двата случаи кога неговите барања биле прифатени, тој се откажал од овие исклучоци (за еден и за два дена) сметајќи дека нивното времетраење не било доволно за да ги оствари планираните патувања со оглед на неговата возраст и големата оддалеченост што требал да ја помине. Судот може да разбере дека тој можеби сметал дека овие исклучоци биле недоволни во однос на времетраењето, со оглед на гореспоменатите фактори (види, особено, во параграф 191 горе).
193. Треба да се посочи во врска со ова дека согласно ставот 2(б) од Резолуцијата 1390 (2002) Комитетот за санкции имал право да дозволи исклучоци во посебни случаи, особено од медицински, хуманитарни или религиозни причини. За време на состанокот од 22 февруари 2008 г. (види во параграф 54 горе), претставник на Сојузното министерство за надворешни работи посочи дека жалителот можел да побара од Комитетот за санкции дозвола за поширок исклучок со оглед на неговата специфична ситуација. Жалителот не доставил такво барање, но не се чини, особено од записникот од состанокот, дека швајцарските власти му понудиле некаква помош за таа цел.
194. Беше утврдено дека името на жалителот било додадено на листата на Обединетите нации, не на иницијатива на Швајцарија туку на Соединетите Американски Држави. Ниту било оспорено дека, барем до усвојувањето на Резолуцијата 1730 (2006), државата во која засегнатото лице имало државјанство или престој требала да му се обрати на Комитетот за санкции за потребите на постапката за отстранување од листата. Сигурно е дека во случајот на жалителот Швајцарија не била ниту државата чие државјанство имал, ниту државата во која имал престој и швајцарските власти затоа не биле надлежни да преземат такво дејствие. Меѓутоа, не се чини дека Швајцарија дури и се обидела да ја охрабри Италија да преземе такво дејствие или да и понуди помош за таа цел (види, mutatis mutandis, случајот на Сајади и Винк (Комитетот за човекови права), § 12, параграфи 88-92 горе). Може да се види од записникот од 22 февруари 2008 г. (параграф 54 горе) дека властите едноставно предложиле жалителот да ја контактира Постојаната мисија на Италија во Обединетите нации, додавајќи дека Италија во тоа време била членка во Советот за безбедност.
195. Судот согледа дека Швајцарија заедно со други држави, направила значителни напори кои резултирале, после неколку години, со подобрување на режимот на санкции (види во параграфите 64 и 78 горе). Меѓутоа тој смета дека со оглед на принципот дека Конвенцијата ги штити правата кои не се теоретски или илузорни туку практични и ефективни (види Артико, цитиран горе, § 33), дека е важно во актуелниот случај да ги земе во предвид мерките кои националните власти всушност ги презеле или се обиделе да ги преземат како одговор на многу специфичната ситуација на жалителот. Во врска со ова, Судот смета дека особено швајцарските власти не ја земале доволно во предвид реалноста на случајот, особено единствената географска ситуација на Кампионе д’Италиа, долгото времетраење на мерките што му биле наметнати или националноста на жалителот, возраста и здравјето. Понатаму утврди дека можноста да се одлучи како релевантните резолуции на Советот за безбедност требале да бидат спроведени во домашниот правен поредок требала да дозволи одредено олеснување на режимот на санкции кои можеле да се применат за жалителот, со оглед на таквата реалност, со цел да се избегне попречувањето на неговиот приватен и семеен живот, без притоа да се заобиколи обврзувачката природа на резолуциите или почитувањето на санкциите што се дадени таму.
196. Во контекст на посебниот карактер на Конвенцијата како договор за колективно остварување на човековите права и основните слободи (види, на пример, Соеринг, цитиран горе, § 87, и Ireland v. the United Kingdom, 18 January 1978, § 239, Series A no. 25), Судот утврди дека тужената Држава не може валидно да се ограничи себе на обврзувачката природа на резолуциите на Советот за безбедност, но требаше да го убеди Судот дека ги презела – или барем се обидела да ги преземе – сите можни мерки за да го усвои режимот за санкции во конкретната ситуација на жалителот.
197. Таквиот наод го ослободува Судот од утврдување на прашањето, покренато од тужената влада и владите што интервенираат, за хиерархијата меѓу обврските на земјите потписнички на Конвенцијата согласно тој инструмент од една страна и оние што произлегуваат од Повелбата на Обединетите нации од друга страна. Според гледиштето на Судот важна поента е дека тужената влада не успеала да покаже дека тие се обиделе колку што е можно да ги усогласат обврските кои тие ги сметале за спротивставени (види, во врска со ова, во параграфите 81 и 170 горе).
198. Со оглед на сите околности на актуелниот случај, Судот утврди дека ограничувањата што се наметнати врз слободата на движење на жалителот за значителен период на време не постигнале правична рамнотежа меѓу неговото право на заштита на неговиот приватен и семеен живот од една страна и легитимните цели за спречување на кривични дела и заштита на националната и јавна безбедност на Швајцарија од друга страна. Последователно, попречувањето на неговото право на почитување на приватниот и семеен живот не било сразмерно и затоа не било неопходно во едно демократско општество.
(γ) Заклучок
199. Со оглед на претходното, Судот го отфрла претходниот приговор на Владата дека жалбата не била компатибилна ratione materiae со Конвенцијата и пресудувајќи во однос на основаноста, утврди дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата. Со оглед на таквиот заклучок и без разлика дека тврдењата на жалителот дека додавањето на неговото име на листата приложена на Уредбата за Талибанот исто така ги оспорило неговите чест и углед претставува посебна жалба, Судот утврди дека нема потреба тоа да го разгледува сосема посебно.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
200. Жалителот се жалеше дека тој немал делотворен правен лек со кој можеле да се разгледаат неговите жалби по Конвенцијата. Оттука тој тврдеше дека имало повреда на членот 13, кој го вели следново:
„Секој човек, чии права и слободи признати со оваа Конвенција се нарушени, има право на делотворен правен лек пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.“
А. Допуштеност
201. Судот забележува дека оваа жалба не е очигледно погрешно засновано во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата. Тој исто така одлучи дека не била утврдена никаква друга основа за да ја прогласи за недопуштена Жалбата па оттука треба да биде прогласена за допуштена.
Б. Основаност
1. Изјаснување на странките
(а) Жалителот
202. Жалителот тврдеше дека потпирајќи се на случајот на Ал-Нашиф протув Бугарија (Al-Nashif v. Bulgaria no. 50963/99, 20 June 2002), дека интересите што си конкурираат за заштита на изворите и информациите критични за националната безбедност, од една страна и правото на делотворен правен лек од друга страна, можат да се помират преку посебно прилагодени постапки. Меѓутоа во актуелниот случај не е достапна таква постапка било пред телата на Обединетите нации или пред домашните власти.
203. Тој понатаму посочи дека гореспоменатиот случај Сајади и Винк (види во параграфите 88-92 горе), каде Комитетот за човекови права заклучил дека еден делотворен правен лек бил судскиот налог со кој се барало белгиската Влада, која и ги поднела имињата на жалителите до Комитетот за санкции, да поднесе барање до Комитетот за отстранување, не бил релевантен за актуелниот случај заради две причини. Најпрво, затоа што тој не се жалел дека Швајцарија не успеала да го избриши неговото име од листата на Обединетите нации; Комитетот на Обединетите нации јасно потврдил дека релевантната надлежност во целост е во рацете на Комитетот за санкции а не кај државата. Второ, во неговиот случај Сојузниот суд за разлика од Бриселскиот првостепен суд во случајот на Сајади и Винк, иако забележал дека тужената Влада била обврзана да го поддржи жалителот во секој напор да обезбеди отстранување од листата, всушност не наложил да се стори тоа.
204. Жалителот на тој начин тврдеше дека усогласеноста на оспорените мерки со членовите 3, 8 и 9 од Конвенцијата не била проверена од ниеден од домашните судови и дека согласно тоа имало повреда на членот 13.
(б) Тужената Влада
205. Според изјаснувањето на Владата, членот 13 бара кога едно лице има поткрепена жалба дека имало повреда на Конвенцијата, тој или таа да има достапен правен лек пред „националните власти“. Владата се изјасни дека со оглед на нивните претходни аргументи жалбите на жалителот не биле јасни. Тие тврделе дека доколку Судот одлучи да не ја следи таа проценка, тогаш во никој случај немало повреда на членот 13 разгледан заедно со членот 8 во актуелниот случај.
206. Владата посочи дека жалителот побарал неговото име и имињата на организациите со кои бил поврзан да бидат избришани од листата приложена кон Уредбата за Талибанот. Таквото барање наводно било разгледано од Сојузниот суд, кој утврдил дека жалителот немал делотворен правен лек во однос на тоа прашање бидејќи, со тоа што бил обврзан од резолуциите на Советот за безбедност, не можел да ги укине санкциите наметнати врз жалителот. Сојузниот суд сепак нагласил дека во таква ситуација Швајцарија требала да побара жалителот да биде отстранет од листата или да поддржи таква постапка иницирана од него. Во врска со ова, Владата забележала дека самата Швајцарија немала право да поднесе барање за отстранување – бидејќи жалителот немал швајцарско државјанство и не живеел во Швајцарија – како што и било потврдено од Комитетот за санкции. Швајцарија едноставно имала можност да го поддржи барањето поднесено од страна на самиот жалител и наводно го сторила тоа со тоа што му испратила на неговиот адвокат официјална потврда дека кривичната постапка против него била прекината.
2. Оценка на Судот
(а) Принципи што се применуваат
207. Судот забележува дека членот 13 гарантира достапност на национално ниво на правниот лек со кој би се жалел на прекршување на правата и слободите на Конвенцијата. Затоа иако земјите договорнички имаат одредено дискреционо право како начин на кој тие се придржуваат на своите обврски согласно оваа одредба, мора да постои домашен правен лек кој им дозволува на надлежните национални власти да се справат со содржината на релевантната жалба по Конвенцијата и да доделат соодветна отштета. Опсегот на обврската согласно членот 13 варира во зависност од природата на жалбата на жалителот согласно Конвенцијата, но правниот лек во секој случај мора да биде „делотворен“ и во пракса и правно, особено во смисла дека неговото остварување да не биде неоправдано спречено од дејствија или пропусти од страна на властите на државата (види Büyükdağ v. Turkey, no. 28340/95, § 64, 21 December 2000, со случаите што се цитирани таму, особено Aksoy v. Turkey, 18 December 1996, § 95, Reports 1996‑VI). Согласно одредени услови збирот на правни лекови предвидени според домашното право можат да ги задоволат условите од членот 13 (види, особено, Leander v. Sweden, 26 March 1987, § 77, Series A no. 116).
208. Меѓутоа, членот 13 бара да постои правен лек во рамките на домашното право само во однос на жалбите кои можат да се сметаат за „спорни“ во смисла на Конвенцијата (види, на пример, Boyle and Rice v. the United Kingdom, 27 April 1988, § 54, Series A no. 131). Тој не оди толку далеку како што е гарантирање на правен лек што им дозволува на законите на земјите договорнички да бидат оспорени пред националните органи врз основа дека се спротивнукуи на Конвенцијата (види Костело-Робертс, цитиран горе, § 40), т бара само да обезбеди секој што ќе поднесе поткрепена жалба за повреда на право од Конвенцијата да има делотворен правен лек во домашниот правен поредок (ибид., § 39).
(б) Примена на тие принципи во актуелниот случај
209. Судот смета дека со оглед на наодите на повреда на членот 8 горе, желбата е спорна. Затоа останува да се потврди дали жалителот согласно швајцарското право имал на располагање делотворен правен лек со кој можел да се жали на повреда на своите права од Конвенцијата.
210. Судот забележува дека жалителот исто така можел да поднесе барање до домашните власти неговото име да биде избришано од листата приложена со Уредбата за Талибанот и дека ова можело да му обезбеди обесштетување за неговата жалба согласно Конвенцијата. Меѓутоа тие власти не ја имаат испитано основаноста на неговите жалби во врска со наводните повреди на Конвенцијата. Особено, Сојузниот суд го зазел гледиштето дека иако може да потврди дали Швајцарија била обврзана од резолуциите на Советот за безбедност, таа не можела да ги подигне санкциите што му биле изречени на жалителот по основ дека тие не ги почитувале човековите права (види во параграф 50 горе).
211. Сојузниот суд исто така изречно согледал дека постапката за отстранување од листата на ниво на Обединетите нации дури и по нејзиното подобрување со повеќето неодамнешни резолуции, не можела да се смета за делотворен правен лек во рамките на значењето на членот 13 од Конвенцијата (ибид.).
212. Судот понатаму би упатил на наодот на СПЕЗ дека „тоа не е последица од начелата кои управуваат со меѓународниот правен поредок согласно Обединетите нации дека секое судско разгледување на внатрешната законитост на оспорената регулатива во контекст на основните слободи е исклучено врз основа на фактот дека таа мерка не е наменета да ја примени резолуцијата на Советот за безбедност усвоена согласно Поглавјето VII од Повелбата на Обединетите нации“ (види ја пресудата во случајот Кади на СПЕЗ, § 299, види во параграф 86 горе). Судот смета дека истото размислување мора да се примени, mutatis mutandis, во актуелниот случај, особено во однос на разгледувањето од страна на швајцарските власти на усогласеноста на Уредбата за Талибанот со Конвенцијата. Понатаму утврдува дека немало ништо во резолуциите на Советот за безбедност што можело да ги спречи швајцарските власти да не воведат механизми за потврда на мерките што се преземени на национално ниво согласно тие резолуции.
213. Со оглед на претходното Судот утврди дека жалителот немал никакви делотворни средства за да добие бришење на неговото име од листата приложена на Уредбата за Талибанот и со тоа никаков правен лек во однос на повредите на Конвенцијата кој тој тврдеше дека се случиле (види, mutatis mutandis, Лорд Хоуп, во главниот дел од пресудата во случајот на Ахмед и други, §§ 81-82, параграф 96 горе).
214. Соодветно на тоа, Судот го отфрла прелиминарниот приговор покренат од Владата што се однесува до неисцрпувањето на домашни лекови и пресудувајќи во однос на основаноста одлучи дека имало повреда на членот 13 разгледан заедно со членот 8.
IV. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
215. Потпирајќи се на членот 5 § 1 од Конвенцијата, жалителот тврдеше дека со неговото спречување да не влезе или транзитира низ Швајцарија затоа што неговото име било на листата на Комитетот за санкции, швајцарските власти го лишиле од неговата слобода. Согласно членот 5 § 4 тој се жалеше дека властите воопшто не ја провериле законитоста на ограничувањата на неговата слобода на движење. Овие одредби го велат следново:
„1. Секој човек има право на слобода и безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен во следниве случаи и во согласност со постапка уредена со закон:
(а) ако издржува казна затвор по пресуда на надлежниот суд;
(б) ако бил уапсен или притворен поради противење на законски налог на судот или со цел да се обезбеди извршување на со закон пропишана обврска;
(в) ако е уапсен или притворен поради приведување пред надлежен судски орган, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело, или кога постојат оправдани причини тоа лице да се спречи да изврши кривично дело, или по извршувањето на кривичното дело да избега;
(г) ако се работи за притвор на малолетник врз основа на законска процедура, заради воспитување под надзор или заради негово законско приведување поради изведување пред надлежен судски орган;
(д) ако се работи за притвор на лице за да се спречи ширење на некоја заразна болест, на ментално заболени лица, алкохоличари, наркомани или скитници;
(ѓ) законско апсење или притвор на лице за да се спречи негов неовластен влез во земјата или на лице против кое е во тек постапка за протерување или екстрадиција.
...
4. Секое лице лишено од слобода со апсење или притворање има право да иницира постапка со која за кус рок судот ќе одлучи за законитоста на неговиот притвор и ако тоа не било законско, ќе нареди негово ослободување.
...”
1. Изјаснување на странките и на третите странки што интервенираа
(а) Владата
216. Владата упатувајќи на случаите Гуцарди против Италија (Guzzardi v. Italy 6 November 1980, Series A no. 39) и С.Ф. против Швајцарија (S.F. v. Switzerland (no. 16360/90, Commission decision of 2 March 1994, Decisions and Reports 76-B, pp. 13 et seq.) тврдеше дека немало никакво „лишување од слобода“ во актуелниот случај. Тие изјавија дека намерата на мерката во прашање никогаш не била да го ограничи жалителот на територијата на Кампионе д’Италиа. Му била изречена само забрана за влез и транзитирање низ Швајцарија. Фактот дека жалителот открил дека движењето му било ограничено од оспорената мерка се должело исклучиво на него самиот бидејќи тој избрал да живее во италијанска енклава опкружена од швајцарската територија. Ниту санкциите одредени од Обединетите нации, ниту нивното спроведување од страна на швајцарските власти не го обврзувале да остане жител на Кампионе д’Италиа. Тој според тоа можел во секое време да побара одобрение да го префрли својот дом во друг дел од Италија.
217. Што се однесува до последиците и условите на мерката Владата забележа дека жалителот не бил предмет на никакво ограничување освен забраната – дури и да е теоретска по нивно гледиште – за негов влез и транзитирање низ Швајцарија. Конкретно тој не бил под надзор од страна на швајцарските власти, немал никакви посебни обврски и можел да добие онолку посети колку што ќе посакал. Тој исто така во секое време можел слободно да се состане со своите адвокати. Владата понатаму посочи дека границата меѓу Кампине д’Италиа и Швајцарија не била патролирана, така што забраната за влез во Швајцарија не можела да биде доживеана од него како физичка пречка.
218. Од овие причини Владата тврдеше дека оспорената мерка не можела да се смета за лишување од слободата во рамките на значењето на членот 5 § 1.
(б) Жалителот
219. Жалителот тврдеше дека актуелниот случај не можел да се спореди со С.Ф. против Швајцарија (цитиран горе), во кој Комисијата ја прогласил жалбата на жалителот според членот 5, дека не му било дозволено да го напушти Кампионе д’Италиа неколку години, за недопуштена. Најпрво, според случајот на жалителот неможноста да ја напушти областа не била резултат на криминалните убедување и второ тој не можел да ги оспори оспорените ограничувања во контекст на правична расправа, за разлика од жалителот С.Ф.
220. Жалителот не го оспори фактот дека никакви физички пречки не го спречувале да го напушти Кампионе д’Италиа, но посочил дека границата со Швајцарија сепак била од време на време подложена на проверки на лице место, и доколку се откриело во рамки на таквата проверка дека тој се обидувал да влезе на територија на која му било забрането да влезе тој би бил соочен со постапки за кои биле предвидени сериозни казни.
221. Жалителот кажал дека Кампионе д’Италиа имал површина од 1,6 км2 и затоа просторот во кој тој можел слободно да се движи бил дури и помал од тој на жалителот во случајот на Гуцарди (цитиран горе), кој бил на остров од 25 км2.
222. Исто така, жалителот посочил дека дури и самиот Сојузен суд признал дека ограничувањата достигнале ниво на домашен притвор. Од сите овие причини тој тврдел дека членот 5 § 1 требал да може да се примени во неговиот случај.
(в) Француската влада
223. Француската влада која интервенираше како трета странка сметаше дека членот 5 од Конвенцијата не може да се примени во ситуација на лице кому му бил одбиен влез или транзитирање низ дадена територија и дека конкретните околности на случајот кои произлегуваат од живеалиштето на жалителот во италијанската енклава во рамките на Кантонот Тичино, не можело да ја смени таа проценка, освен ако содржината на таа одредба требала да биде значително искривена.
2. Оценка на Судот
224. Судот повторува дека членот 5 го втемелува основното човеково право, имено заштитата на лицето од своеволни мешање на државата во неговото или нејзиното право на слобода. Текстот од членот 5 јасно укажува дека гаранциите што ги содржи важат за „сите“. Потставовите (а) го (ѓ) од членот 5 § 1 содржат исцрпна листа на дозволени основи по кои лицата можат да бидат лишени од својата слобода. Ниедно лишување од слобода нема да биде компатибилно со членот 5 § 1 освен ако не потпадне во рамките на еден од тие основи или е предвидено со законска дерогација согласно членот 15 од Конвенцијата, што и дозволува на земјата договорничка „во случај на војна или некоја друга општа опасност, која го загрозува животот на нацијата“ да преземе мерки кои отстапуваат од нејзините обврски согласно членот 5 „и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува итноста на ситуацијата“ (види, меѓу другото, Ал-Џеда, цитиран горе, § 99; A. and Others v. the United Kingdom [GC], no. 3455/05, §§ 162-163, ECHR 2009; и Ireland v. the United Kingdom, цитиран горе, § 194).
225. Членот 5 § 1 не е поврзан со чистите ограничувања на слободата на движење, кои се водат од членот 2 од Протоколот бр. 4, протокол што не е ратификуван од Швајцарија. За да се утврди дали некој бил „лишен од неговата слобода“ во рамки на значењето на членот 5, почетната точка мора да биде неговата конкретна ситуација и мора да се земе во предвид целокупниот опсег на критериумите како што се видот, времетраењето, последиците и начинот на спроведување на мерката во прашање. Разликата меѓу лишувањето и ограничувањето на слободата е во степенот или интензитетот, а не во природата или суштината (види Austin and Others v. the United Kingdom [GC], nos. 39692/09, 40713/09 and 41008/09, § 57, 15 March 2012; Stanev v. Bulgaria [GC], no. 36760/06, § 115, 17 January 2012; Medvedyev and Others v. France [GC], no. 3394/03, § 73, ECHR 2010; Guzzardi, цитиран горе, §§ 92-93; Storck v. Germany, no. 61603/00, § 71, ECHR 2005‑V; и Engel and Others v. the Netherlands, 8 June 1976, § 59, Series A no. 22).
226. Судот оди подалеку од гледиштето дека барањето да се земе во предвид „видот“ и „начинот на спроведување“ на мерката во прашање (види Енгел и други, § 59, и Гуцарди, § 92, обата цитиран горе) му овозможуваат да го има во предвид посебниот контекст и околности на типовите на ограничувања покрај парадигмата на затвореноста во ќелија (види, на пример, Енгел и други, § 59, и Амуур, § 43, обата цитиран горе). Навистина контекстот во кој мерката се презема претставува важен фактор бидејќи ситуациите вообичаено се случуваат во едно современо општество каде јавноста може да биде повикана за да претрпи ограничувања на слободата на движењето или слободата во интерес на општото добро (види, mutatis mutandis, Остин и други, цитиран горе, § 59).
227. Судот забележува дека во поткрепа на својот аргумент дека членот 5 мора да се примени во актуелниот случај, жалителот се потпрел пред сè на гореспоменатиот случај Гуцарди. Во тој случај жалбата била поднесена од лице кое, осомничено дека и припаѓа на „банда на мафијаши“ бил принуден да живее на остров во рамките на (неограден) простор од 2,5 км2 заедно со други жители во слична ситуација и персонал за надзорен. Судот утврдил дека жалителот бил „лишен од својата слобода“ во рамките на значењето на членот 5 и дека затоа тој можел да се потпре на гаранциите согласно таа одредба (види исто така Giulia Manzoni v. Italy, 1 July 1997, §§ 18-25, Reports 1997‑IV).
228. Наспроти тоа во случајот на С.Ф. против Швајцарија (цитиран горе), каде жалителот се жалел на тоа дека не му било дозволено да замине од Кампионе д’Италиа неколку години, Комисијата ја прогласила жалбата за недопуштена утврдувајќи дека членот 5 не можел да се примени во овој случај. Големиот судски совет утврди дека во актуелниот случај е соодветно да се избере вториов пристап од следниве причини.
229. Во конкретната ситуација на жалителот, Судот прифаќа дека ограничувањата се применувале значителен временски период. Меѓутоа тој забележува дека областа во која на жалителот не му било дозволено да патува била територија на трета земја, Швајцарија и дека согласно меѓународното право таа земја имала право да попречи влез на странец (види во параграф 164 горе). Ограничувањата во прашање не го спречиле жалителот слободно да живее и да се движи во рамките на територијата во која имал постојан престој, каде што избрал по сопствена слободна волја да живее и да работи. Судот смета дека во вакви околности неговиот случај се разликува радикално од фактичката ситуација на Гуцарди (цитиран горе) и дека забраната што му била изречена на жалителот не повлекува проблем што би потпаднал под членот 5 од Конвенцијата.
230. Судот понатаму признава дека Кампионе д’Италиа претставува мала површина на територија. Меѓутоа, тој забележува дека жалителот, стриктно гледано не бил во ситуација на притвор, ниту пак бил во домашен притвор: нему едноставно му било забрането да влегува или да транзитира низ одредена територија и како резултат на таа мерка не можел да ја напуши енклавата.
231. Дополнително, Судот забележува дека жалителот не го оспорувал пред него тврдењето на швајцарската Влада дека не бил подложен на никакво следење од страна на швајцарските власти и дека не бил обврзан редовно да се пријавува во полиција (наспроти Гуцарди, цитиран горе, § 95). Ниту пак се чини дека тој исто така бил ограничен во својата слобода да прима посетители, било семејството, или доктори или неговите адвокати (ибид.).
232. И конечно, Судот би сакал да посочи дека режимот на санкции му дозволил на жалителот да бара исклучоци од забраната за влез или транзитирање и дека такви исклучоци навистина му биле дозволени во две прилики, но тој не ги искористил.
233. Со оглед на сите околности на актуелниот случај и во согласност со својата судска пракса, Судот, како и Сојузниот суд (види во параграф 48 горе) утврди дека жалителот не бил „лишен од својата слобода“ во рамките на значењето на членот 5 § 1 со мерката за негова забрана да влезе и транзитира низ Швајцарија.
234. Следи дека жалбите согласно членот 5 се очигледно лошо засновани и мора да се одбијат согласно членот 35 §§ 3 и 4 од Конвенцијата.
V. ДРУГИ НАВОДНИ ПОВРЕДИ НА КОНВЕНЦИЈАТА
235. Во основа потпирајќи се на истите аргументи како оние разгледани од страна на Судот согласно членовите 5 и 8 жалителот се жалеше на постапување со кое бил прекршен членот 3. Тој исто така тврдеше дека неговата неможност да ја напушти енклавата на Кампионе д’Италиа за да оди во џамија му ја попречила неговата слобода за изразување на својата вера или верување што се гарантирани со членот 9.
236. Разгледувајќи ги сите материјали кои ги поседувал и дури претпоставувајќи дека тие жалби биле соодветно поднесени пред домашните власти, Судот не утврди дека имало некаква повреда на членовите 3 и 9 од Конвенцијата.
237. Следи дека овој дел од жалбата мора да се одбие како очигледно лошо заснован согласно членот 35 §§ 3 и 4 од Конвенцијата.
VI. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
238. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Штета
239. Жалителот не поднесе никакво барање за материјална или нематеријална отштета.
240. Соодветно на тоа нема да се бара да му се додели некаков износ по тој основ.
Б. Трошоци и издатоци
241. Што се однесува до трошоците и издатоците жалителот барал рефундирање на 75.000 британски фунти (ГБР) плус данокот на додадена вредност за хонорарите на неговите адвокати за постапките пред судот плус 688,22 евра (ЕУР) за трошоците што ги направиле неговите адвокати патувајќи до Кампионе д’Италиа, за телефонски повици и за канцелариски трошоци.
242. Владата посочи дека жалителот избрал да биде претставуван од адвокат со пракса во Лондон кој наплаќал на час по стапка многу повисока од просечната стапка во Швајцарија и дека неговиот избор резултирал со значителни патни трошоци. Во своите изјаснувања дури и да се прифатеше дека актуелниот случај навистина бил сложен како што тврдеше жалителот, бројот на часови кои биле фактурирани бил претеран. Последователно тие се изјаснија дека во случај да се поддржи жалбата би било праведно да не се додели износ поголем од 10.000 швајцарски франци (ЦХФ).
243. Судот повторува дека доколку тој утврдел повреда на Конвенцијата, на жалителот можел да му додели за трошоците и издатоците кои настанале пред националните судови за спречување или обесштетување на таа повреда од нив (види Нојлингер и Шурук, цитиран горе, § 159). Исто така, таквите трошоци и издатоци морале реално и неопходно да настанале и морале да бидат разумни во својот обем (ибид.).
244. Судот не го споделува мислењето на Владата дека жалителот треба да ги прифати последиците на својот избор да биде претставуван од британски адвокат. Во врска со ова посочува дека согласно Правилото 36 § 4 (а) од Деловникот на Судот, претставникот на жалителот мора да биде „адвокат овластен да работи во некоја од земјите договорнички и да е жител на територијата во некоја од нив ...“. Меѓутоа забележува дека само жалбите поднесени согласно членовите 8 и 13 резултирале, во актуелниот случај, со утврдувањето на повреда на Конвенцијата. Остатокот од жалбата е недопуштена. Износот што го бара жалителот според тоа е претеран.
245. Последователно, со оглед на материјалот што го поседува и критериумите што се утврдени горе, Судот утврди дека е разумно на жалителот да му се додели износ од 30.000 евра за трошоци и издатоци кои настанале во неговата постапка пред судот.
В. Казнена камата
246. Судот смета дека е соодветно казнената каматна стапка да се заснова на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ги отфрла прелиминарните приговори на Владата дека жалбата не е компатибилна ratione personae со Конвенцијата и дека жалителот нема статус на жртва;
2. Го приклучува на основаноста прелиминарниот приговор на Владата дека жалбата не е компатибилна ratione materiae со Конвенцијата;
3. Го отфрла прелиминарниот приговор на Владата за неисцрпување на домашните правни лекови во однос на жалбите согласно членовите 5 и 8 и го приклучува овој приговор на основаноста во однос на жалбата по членот 13;
4. Ги прогласува жалбите во врска со членовите 8 и 13 за допуштени, а остатокот на жалбата за недопуштена;
5. Го отфрла прелиминарниот приговор на Владата дека жалбата не е компатибилна ratione materiae со Конвенцијата и одлучи дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата;
6. Го отфрла прелиминарниот приговор за неисцрпување на домашните правни лекови во однос на членот 13 и одлучи дека имало повреда на членот 13 од Конвенцијата во врска со членот 8;
7. Одлучи
(а) дека тужената држава треба да му плати на жалителот во рок од три месеци износ од 30.000 евра (триесет илјади евра) плус сите даноци на кои можеби подложат овие износи, за трошоци и издатоци, конвертирани во валутата на тужената држава по стапката што се применува на датумот на исплатата;
(б) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата ќе се плаќа проста камата на гореспоменатиот износ по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка во текот на казнениот период плус три процентни поени;
8. Го отфрла остатокот од побарувањето на жалителот за правичен надоместок.
Изготвена на англиски и француски јазик, и усвоена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 12 септември 2012 г.
Мајкл О’БојлНиколас Браца
Заменик секретарПретседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, кон оваа пресуда се приложени следниве издвоени мислења:
(а) заедничко мислење на согласување на судиите Браца, Николау и Јудкивска;
(б) мислење на согласување на судијата Розакис придружен од судиите Шпилман и Беро-Лефевр;
(в) мислење на согласување на судијата Малинверни.
Н.Б.
М. О’Б.
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy