© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015
Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За повеќе информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015
This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015
La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПОРАНЕШЕН ТРЕТ ОДДЕЛ
CЛУЧАЈ НАЦВЛИШВИЛИ И ТОГОНИДЗЕ против ГРУЗИЈА
(Жалба бр. 9043/05)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
29 април 2014 година
Оваа пресуда ќе стане конечна во околностите предвидени во член 44, став 2 од Конвенцијата. Пресудата може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Нацвлишвили и Тогонидзе против Грузија,
Европскиот суд за човекови права (поранешен Трет оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Jусеп Касадевал, Претседател,
Aлвина Ѓулумјан,
Корнелиу Бирсан,
Јан Шикута,
Нона Цоцориа,
Kристина Пардалос,
Јоханес Силвис, судииs,
и Сантиаго Кесада, Секретар на оддел,
Откако расправаше на затворени седници на 15 октомври 2013 и 3 април 2014 година,
Ја донесувал следната пресуда, којашто беше усвоена на второспоменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 9043/05) против Грузија поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на двајца грузиски државјани, г-н Амиран Нацвлишвили („првиот жалител“) и г-ѓа Русудан Тогонидзе („втората жалителка“), на 9 март 2005 година.
2. Жалителите, на кои им беше доделена правна помош за одржувањето на јавна расправа за основаноста (меритумот) на жалбата (види параграфи 5 и 6 подолу во текстот), ги застапуваше г-ѓа М. Гиошвили, г-ѓа Е. Филеева и г-н К. Коротеев, бранители од Грузија и Руската Федерација. Грузиската Влада („Владата“) ја застапуваа нејзините агенти последователно, г-н М. Кекенадзе, г-н Д. Томадзе и
г-н Л. Месхорадзе, од Министерството за правда.
3. Првиот жалител поконкретно тврдеше дека постапката на спогодување за вина [plea-bargaining process], предвидена со домашниот закон во релевантниот период и применета во неговиот случај, преставувала злупотреба на постапката и дека била неправична, спротивно на член 6, став 1 од Конвенцијата и член 2 од Протокол бр. 7 кон Конвенцијата. Тој понатаму тврдеше дека публицитетот кој бил даден на неговото апсење го прекршил неговото право на презумпција на невиноста од член 6, став 2 од Конвенцијата. Покрај тоа, и двајцата жалители тврдеа дека државата ги попречувала во остварувањето на нивното право на индивидуална жалба, спротивно на член 34 од Конвенцијата, и дека паричните казни кои им биле изречени како дел од постапката на спогодување за вина ги прекршиле нивните права на сопственост од член 1 од Протокол бр. 1.
4. И жалителите и Владата доставија писмени опсервации за допуштеноста и основаноста на жалбата.
5. Со конечна одлука од 25 јуни 2013 година, Судот ја прогласи жалбата за делумно допуштена (член 29, став 1 in fine oд Конвенцијата). Што се однесува на понатамошната постапка, Судот одлучи да побара усни опсервации на странките за меритумот на жалбата (правило 59, став 3).
6. Јавна расправа за основаноста на жалбата се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 15 октомври 2013 година (правило 59, став 3).
Пред Судот пристапија:
(a) за Владата
г-нг. лорткипанидзе и г-н A. Барамидзе, Заменици министри за правда,
г-нл. Mесхорадзе, Агент
г-ѓа Ш. Mезурнишвили и г-ѓа Н. Mезвришвили, Советници,
(б) за жалителите
г-ѓаM. Гиошвили,
г-ѓа E. Филеева,
г-нK. Kоротеев, Бранители.
Судот слушна обраќање на г-н Месхорадзе, г-ѓа Гиошвили, г-ѓа Филеева и г-н Коротеев.
7. На 1 февруари 2014 година Судот го промени составот на своите оддели, но оваа жалба остана во надлежност на поранешниот Трет оддел.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
8. Првиот жалител е роден во 1950 година и во моментот живее во Москва, Руската Федерација, а втората жалителка е родена во 1953 година и во моментот живее во Кутаиси, Грузија. Тие се брачни другари.
A. Контекст на случајот
9. Првиот жалител бил заменик градоначалник на Кутаиси, втор град по големина во Грузија, од 1993 до 1995 година и извршен директор на компанија која управувала со фабрика за автомобили во тој град (во понатамошниот текст „фабриката“), едно од најважните јавни претпријатија во земјата, од 1995 до 2000 година. На 29 декември 2000 година тој бил именуван за претседател на надзорниот одбор на фабриката на генералното собрание на акционерите.
10. Првиот жалител поседувал најголем дел од акциите на фабриката после државата (78.61% oд акциите), стекнувајќи 12.95% од акциите преку купувања ефектуирани во 1998 и 2002 година. Втората жалителка имала 2.6% oд акциите, купени во 2002 година, така што брачниот пар поседувал вкупно 15.55% oд акциите.
11. Првиот жалител бил киднапиран во декември 2002 година. Откако претрпел тешки малтретирања од страна на неговите киднапери, тој бил ослободен кога неговото семејство исплатило откуп во висок износ.
Б. Кривична постапка против првиот жалител
12. На 12 март 2004 година првиот жалител бил обвинет за незаконско намалување на акционерскиот капитал на фабриката, за што бил одговорен прво како извршен директор, а второ и како претседател на надзорниот одбор. Тој бил обвинет за фиктивни продажби, трансфери и отпишување на долгови, за трошење на добивката спротивно на интересите на компанијата (член 182 од Кривичниот законик – „злоупотреба на положба со проневера и присвојување на туѓ имот“).
13. На 15 март 2004 година полицијата и обвинителот во Кутаиси отишле на работното место на првиот жалител за да го уапсат. ...
15. На 16 март 2004 година првиот жалител ангажирал бранител за го брани.
16. На првото испрашување во својство на осомничено лице на 17 март 2004 година, првиот жалител, во присуство на неговиот бранител, тврдел дека е невин и го користел неговото право да се брани со молчење.
17. Истиот ден, 17 март 2004 година, обвинителството побарало од Градскиот суд во Кутаиси првиот жалител да биде притворен. Обвинителството тврдело дека првиот жалител, кој бил обвинет за тешко кривично дело, можел да се обиде да избега, да го попречи откривањето на вистината и да продолжи да врши кривични дела. Одлучувајќи на неутврден датум, Градкиот суд на првиот жалител му одредил притвор во траење од три месеци. Повикувајќи се на член 243 од Законот за кривична постапка („ЗКП“), првиот жалител се жалел на првостепенето решение до Регионалниот суд во Кутаиси, кој ја одбил жалбата на непознат датум.
18. На 25 март 2004 година првиот жалител испратил допис до обвинителството, кој гласи: „Со оглед на тоа дека не ми е сеедно за иднината на фабриката за автомобили и дека сметам дека е можно да ги решам проблемите [кои ги имам] со државата, јас искажувам подготвеност на државата да ѝ ги предадам акциите во фабриката кои во моментот се во моја и во сопственост на мојата сопруга.“
19. На 14 јуни 2004 година притворот на жалителот бил продолжен од Регионалниот суд во Кутаиси до 15 јули 2004 година, а во јули 2004 притворот му бил повторно продолжен до 15 септември 2004 година.
20. Во текот на првите четири месеци од притворот првиот жалител бил во иста просторија со лицето обвинето за неговото киндапирање во 2002 година (види параграф 11 погоре), и уште едно лице кое служело казна затвор за убиство. Откако Народниот правобранител се жалел на тој факт од причина што со тоа се изложувала физичката и психолошка благостостојба на жалителот на ризик, затворската управа го префрлила жалителот во друга просторија.
21. На 1 август 2004 година првиот жалител и неговиот бранител добиле пристап од документите од кривичната постапка. На 6 август 2004 година првиот жалител ангажирал уште еден бранител да го застапува во постапката.
22. На 6 септември 2004 година истрагата завршила, а првиот жалител бил обвинет за претходноспоменатите кривични дела. Откако со помош на своите бранители ги разгледал во целост списите на предметот, тој повторно тврдел дека е невин, но ја потврдил својата намера да соработува со истражните органи.
23. Истиот ден, на 6 септември 2004 година, двајцата жалители ги предале на државата, бесплатно, нивните акции кои изнесувале вкупно 15.55% oд акционерскиот капитал на фабриката
24. Според писмена изјава од списите на предметот дадена од г-н Г. Т-иа, работник од фабриката, на 6 септември 2004 година тој и деветмина други работници ги пренесле своите акции на државата ex gratia, по барање на обвинителството, а во врска со кривичната постапка против првиот жалител во замена за неговото ослободување од притвор. Во списите има копија од релевантните ex gratia договори со датум 6 септември 2004 година.
25. Во списите исто така има изјава дадена во својство на сведок од г-ѓа М.И-дзе, золва на втората жалителка, дека јавниот обвинител исто така побарал од семејството на првиот жалител да исплати 50,000 грузиски лари GEL) (околу 21,000 евра (ЕУР)) во Фондот за развој на државни тела кои обезбедуваат заштита на правото („Развоен фонд“) со цел да се склучи „процедурална спогодба“ за ослободување од притвор на првиот жалител. Така, јавниот обвинител им ги дал документите потребни за трансферот, додавајќи дека името на првиот жалител не смее да стои како име на исплатувач. Јавниот обвинител инсистирал жалителите директно да не ги платат парите на Развојниот фонд. Г-ѓа М.И-дзе затоа се согласила бараниот износ да го исплати во нејзино име.
26. Како што се гледа од потврдата од банка за трансферот на пари, исплата била направена на 8 септември 2004 година, а името на г-ѓа М.И-дзе се појавува на документот како плаќач на износот.
27. Следниот ден, на 9 септември 2004 година, првиот жалител испратил писмена изјава до јавниот обвинител, во која барал тој да подготви „процедурална спогодба“ (понатаму во текстот „спогодба за вина“), која постапка била воведена во грузискиот судски систем во февруари 2004 година. Жалителот прецизирал дека, иако се смета себеси за невин, тој бил подготвен да потпише спогодба во поглед на казната и дека ќе плати GEL 35,000 (14,700 ЕУР) во буџетот на државата во врска со тоа. Тој додале дека во целост бил запознат со содржината на спогодбата.
28. Истиот ден, јавниот обвинител од Кутаиси понудил, а првиот жалител прифатил спогодба за вина во поглед на казната (член 679, став 2 од ЗКП). Во писмениот записник за спогодбата за вина се споменува дека, иако жалителот одбил да ги признае делата за кои се товари, тој „активно соработувал со истрагата доброволно надоместувајќи ја штетата од GEL 4,201,663 (приближно 1,765,000 ЕУР) предизвикана со неговите криминални дејствија враќајќи 22.5% oд акциите во фабриката на државата.“ Обвинителот понатаму воочил дека, и покрај фактот што жалителот бил обвинет за особено тешко кривично дело за кое може да изрече казна затвор од шест до дванаесет години, сѐ уште било можно, со оглед на целосното надоместување на штетата и во интерес на ефикасно користење на државните ресурси, да му се понуди спогодба за вина. Конкретно, јавниот обвинител ветил дека ќе побара првостепениот суд да го осуди жалителот без мериторно одлучување, барајќи намалување на казната, и тоа во облик на парична казна од GEL 35,000 (14,700 ЕУР). На жалителот му било објаснето дека со тоа тој нема да биде ослободен од деликтна одговорност согласно граѓанското право. Првиот жалител изјавил дека тој во целост го разбирал текстот на спогодбата и дека бил подготвен да ја прифати и дека неговата одлука не е последица на никаква присила, притисок ило било кој друг вид на несоодветно ветување. Записникот за спогодбата за вина бил уредно потпишан и од обвинителот, и од жалителот како и неговите двајца бранители.
29. Истиот ден, на 9 септември 2004 година, јавниот обвинител се обратил до Градскиот суд во Кутаиси, барајќи да ја прифати предлог-спогодбата за вина во која се бара да одлучува мериторно во случајот, првиот жалител да се осуди за обвиненијата поднесени против него да му се ублажат санкциите кои може да се изречат за делата за кои се товари со изрекување на парична казна од GEL 35,000 (14,700 ЕУР). Во поднесокот на јавниот обвинител се споменувало дека истовремено се доставува записник за спогодбата за вина како и дванаесет тома на списи од кривична постапка.
30. Истиот ден, на 9 септември 2004 година, г-ѓа М.И-дзе ефектуирала банкарски трансфер со кој на државата ѝ била исплатена паричната казна од GEL 35,000 (14,700 ЕУР) согласно претходнонаведената сподогба за вина помеѓу првиот жалител и јавниот обвинител.
31. На рочиште од 10 септември 2004 година, Градскиот суд во Кутаиси, како судија поединец, го разгледал барањето на обвинителот од 9 септември 2004 година. Како што се гледа од записникот за рочиштето, судијата на првиот жалител, во присуство на еден од неговите бранители кој ја потпишал спогодбата за вина (види параграф 27 погоре), му ги објаснил неговите права од член 679-3 oд Законот за кривична постапка. Жалителот потврдил дека тој бил добро запознат со неговите права и дека се согласил доброволно на спогодбата, без да биде подложен на било каков несоодветен притисок во текот на преговорите со обвинителот. Тоа било потврдено и од неговиот бранител. Првиот жалител и неговиот бранител потоа побарале судијата да ја одобри спогодбата, поднесена од јавниот обвинител, потврдувајќи дека во целост ги прифаќат последиците од таа спогодба. Бранителот дополнил дека тој присуствувал на преговорите за спогодбата за вина помеѓу неговиот клиент и обвинителството, дека неговиот клиент инсистирал на спогодба, и дека тој, како бранител, ги дал сите неопходни совети на жалителот.
32. Повикувајќи се на писмени докази и на изјавите на повеќе сведоци земени во текот на истрагата, Градскиот суд во Кутаиси одлучил дека обвиненијата против жалителот се основани. Судот исто така воочил дека, обвинет на 6 септември 2004 година за кривични дела од член 182, став 2 (a), (б) и (б) како и 3 (б) oд Кривичниот законик, жалителот „не се изјаснил за виновен и го користел неговото право да се брани со молчење. Сепак, активно соработувајќи со истражните органи, тој доброволно ја исплатил штетата од GEL 4,201,663 (1,765,000 ЕУР) предизвикана со неговите кривични дела, враќајќи ѝ на државата 22.5% oд акциите во фабриката.“
33. Судот после разгледување на случајот, понатаму заклучил дека спогодбата за вина била склучена во согласност со законот, дека првиот жалител ја потпишал целосно запознат со фактите и дека таа не била резултат на присила, притисок или било кој друг вид на несоодветно ветување кои излегувало надвор од дозволеното при спогодување за вината. Судот затоа ја потврдил спогодбата прогласувајќи го првиот жалител за виновен за обвиненијата против него и изрекувајќи му парична казна во износ од GEL 35,000 (14,700 ЕУР). Потоа, првиот жалител бил веднаш ослободен од судницата.
34. Како што е споменато во оперативниот дел, пресудата на Градскиот суд во Кутаиси од 10 септември 2004 година била правосилна и против неа не било дозволено изјавување на жалба. Сепак, доколку новооткриени факти го оправдувале тоа, можело да се поднесе предлог за укинување на пресудата и повторување на постапката.
35. Според списите на предметот, после завршувањето на кривичната постапка и после неговото ослободување од притвор, првиот жалител ја напуштил и Грузија, и оттогаш живее во Москва, Русија.
...
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И МЕЃУНАРОДНИ ИНСТРУМЕНТИ
A. Закон за кривична постапка (ЗКП)
49. Релевантните одредби во врска со „процедурални спогодби“ (“საპროცესო შეთანხმება” на грузиски, сапроцесо шетанхмеба), или спогодба за вина, воведени во ЗКП на 13 февруари 2004 година и изменети за прв пат на 24 јуни 2004 година и затоа и важечки во релевантиот период, гласеле:
член 15
„Може да се склучи процедурална спогодба во согласност со начелото на независност на судството. Процедуралната спогодба придонесува кон побрз и поефикасен судски систем.“
член 679-1
„1. Судот може да донесе пресуда врз основа на процедурална спогодба без мериторно одлучување за предметот. Процедуралната спогодба е заснована на спогодба во врска со одговорноста на обвинетиот или санкцијата. Во исклучива надлежност на обвинителството е да предложи процедурална спогодба.
2. Кога ќе се постигне спогодба во врска со санцкцијата, обвинетиот не се изјаснува за виновен, туку склучува спогодба со обвинителот во врска со санкцијата или неизрекувањето на санкција и/или се согласува да соработува со истргажните органи.
3. Кога ќе се постигне спогодба во врска со кривичната одговорност, обвинетиот се изјаснува за виновен и/или соработува со истражните органи.
4. Процедуралната спогодба е склучена кога ќе даде согласност хиерахиски повисокиот јавен обвинител.
5. Врз основа на процедуралната спогодба, јавниот обвинител може да побара ублажување на санкцијата на обвинетиот, или да одлучи да ги ублажи обвиненијата против него или да се откаже од нив под услов обвинетиот да се изјасни за виновен по сите точки на обвинението.
6. Пред да одлучи за ублажување на санкцијата или на обвиненијата, јавниот обвинител мора да ги разгледа (a) тежината на санкцијата која може да му се изрече на обвинетиот, како и тежината на кривичните дела и вината на обвинетиот; (б) користењето на државните ресурси кое оди најмногу во прилог на општиот интерес. ...
7. Процедурална спогодба нема да се постигне без учество на бранителот и без претходна согласност на обвинетиот за содржината на спогодбата.
8. Процедуралната спогодба ќе биде ништовна доколку покасно се покаже дека информациите и доказите дадени од обвинетиот на истражните органи ... не се веродостојни и не придонесуваат кон вистинска можност за откривање на одговорните. Одлуката за поништување на процедуралната спогодба ја носи судот.
9. Во определени случаи, во кои соработката на обвинетиот со истражните органи довела до откривање на особено тешко кривично дело или кривични дејствија на јавен функционер, и кога обвинетиот директно помагал кон изводливоста на истрагата, јавниот обвинител може да побара судот да го ослободи обвинетиот од кривична одговорност. ...
11. При потпишување на процедуралната спогодба, јавниот обвинител мора да го информира обвинетиот дека со спогодбата тој не се ослободува од деликтна (граѓанска) одговорност. Во посебни околности, јавниот обвинител или неговиот заменик може, со образложена одлука, да го ослободи обвинетиот од деликтна одговорност. Во тие околностите, одговорноста преминува на државата.“
член 679-2, став 2, 3 и 4
„2. Во писмена изјава, потпишана од обвинетиот или неговиот бранител, мора да се потврди дека откако му била дадена правна помош, обвинетиот доброволно дал согласност за судска пресуда без мериторно одлучување за неговиот случај. Обвинетиот мора во целост да ја разбере содржината на поднесокот кој јавниот обвинител ќе го достави до судот, како и законските последици од пресудата која може да биде донесена.
3. Штом обвинетиот и јавниот обвинител постигнат процедурална спогодба, обвинителот мора да подготви поднесок во кој ја наведува содржината на сподбата. Поднесокот потоа го потпишува обвинителот, бранителот на обвинетиот и обвинетиот.
4. Содржината на поднесокот споменат во став 3 на овој член е доверлива и може да биде разгледата само од потписниците и судот.“
член 679-3
„1. Процедуралната спогодба мора да биде во писмена форма и мора да биде одобрена од судот во текот на јавна расправа, освен ако убедливи причини не наложуваат расправа затворена за јавноста. Пресудата на судот мора да одговара на процедуралната спогодба. Судот мора да осигура дека спогодбата била постигната без насилство и заплашување и без измама или незаконски ветувања. Судот исто така мора да осигура дека обвинетиот доброволно дал согласност и дека бил во позиција да добија квалификувана правна помош.
2. Пред да ја одобри процедуралната спогодба, судот мора да се осигура дека
(a) обвинетиот целосно го разбира каракерот на кривичното дело за кое е обвинет;
(б) обвинетиот целосна ја разбира санкцијата која може да му се изрече за делото кое признава дека го извршил;
(в) обвинетиот ги знае сите законски услови поврзани со признавањето на вина во контекст на процедурална спогодба;
(г) обвинетиот целосно разбира дека судот нема обврска да го прифати поднесокот доставен од обвинителството со кој, врз основа на процедуралната спогодба, се препорачува ублажување или целосно укинување на санкцијата;
(д) обвинетиот разбира дека ги има следните уставни права:
- право на одбрана;
- право да одбие да склучи спогодба во која би се содржало неговото признание на вина;
- право за неговиот случај мериторно да се разгледа.
(ѓ) процедуралната спогодба не е резултат на присила, заплашување или ветување кое излегува надвор од дозволеното во таква спогодба;
(е) обвинетиот не ги оспорува фактите врз кои е заснована спогодбата во која е содржаното неговото признание на вина.
3. Судот ќе ја донесе својата одлука во согласност со законот и нема никаква обврска да ја потврди спогодбата помеѓу обвинетиот и јавниот обвинител.“
член 679-4, став 1, 3, 4, 5, 6 и 7
„1. Во ситуации предвидени во претходното поглавје, судот може или да донесе пресуда [со која ја одобрува спогодбата за вина] без мериторно разгледување на предметот или одлука со која го враќа предметот на обвинителот за подигнување на обвинение.
3. Судот мора да се осигура, врз основа на списите на предметот, дека обвинението е основано, дека предложената санкција во поднесокот е правична и дека обвинетиот доброволно се изјаснил за виновен.
4. Aко судот се согласи со оцената на јавниот обвинител на фактичката состојба и законските одредби и ако смета дека санкцијата која се предлага е правична, тој донесува пресуда во рок од еден месец од денот на прием на релевантниот поднесок на обвинителот ... .
5. Доколку заклучи дека доставените докази не го докажуваат обвинението или дека процедуралната спогодба го крши член 679-1, судот ќе го врати случајот на обвинителот за подигнување на обвинение.
6. Доколку судот смета дека санкцијата која ја предлага обвинителот е престрога, тој има право да ја ублажи.
7. Обвинетиот има право да одбие да склучи процедурална спогодба која е заснована на негово признание на вина во секој момент во текот на судската постапка пред судот да одлучи. За тоа одбивање не е потребна согласност од бранителот. Откако судот ќе одлучи, повеќе не е можно да се одбијат обврските од процедуралната спогодба.“
Член 679-7, став 2 и 3
„2. Против пресудата [предвидена во претходните членови] не е дозволена жалба, и таа станува извршна со нејзиното донесување.
3. Пресудата може да биде ревидирана во согласност со вообичаените правила во врска со нови фактички или правни околности.“
50. После измена на ЗКП од 25 март 2005 година, поднесувањето на барање до суд постапката да биде завршена со спогодба за вина повеќе не е само исклучива надлежност на обвинителот. Такво барање може исто така да се поднесе и од обвинетиот (член 679-1, став 1). Понатаму, содржината на поднесокот на јавниот обвинител повеќе не е доверлива (член 679-2, став 4), освен делот кој содржи информации кои обвинетиот ги дал во текот на истрагата. Со истата измена станува задолжително расправата на која судот ја одобрил процедуралната спогодба во интегрална верзија да биде внесена во записник (член 679-3, став 4).
51. Понатаму, со измената од 25 март 2005 година судот е должен, кога разгледува законито поднесена предлог-спогодба за вина, да му објасни на обвинетиот дека, доколку се жали дека бил подложен на несоодветно постапување од страна на обвинителството во текот на преговорите кои претходеле на склучувањето спогодба, тие наводи нема да го попречат одобрувањето на спогодбата за вина (член 679‑3, став 2(1)).
52. Понатаму, додека пред 25 март 2005 година, член 679-6 само предвидувал жалба против пресуда со која процедуралната спогодба се прогласува за ништовна, со споменатата измена, обвинетиот добил можност да поднесе жалба до повисок суд против одобрувањето на спогодбата во рок од 15 дена од одлуката доколку
„(a) процедуралната спогодба била склучена со користење измама;
(б) правото на одбрана на обвинетиот било ограничено;
(в) процедуралната спогодба била склучена со примена на насилство, сила, закани или заплашување;
(г) судот кој одлучува во случајот ги занемарил своите должности предвидени [во горенаведените членови].“
53. Со споменатата измена не се прецизира дали по претходнонаведените основи, може да се поднесе жалба против одлуки донесени пред 25 март 2005 година.
Б. Coвет на Европа
1. Препорака бр. R (87) 18 на Комитетот на министри до државите членки во врска со поедноставување на кривичната постапка
54. Оваа препорака беше усвоена од Комитетот на министри на Советот на Европа на 17 септември 1987 година и се однесува на забрзани и скратени постапи. Извадок од таа препорака во делот кој е релевантен гласи:
„Имајќи го предвид порастот на бројот на кривични предмети пред судовите, и посебни на оние за кои се изрекуваат поблаги санкции, како и
Имајќи предвид дека одолговлекувањето во постапувањето по кривични дела нанесува штета на угледот на казненото право и влијае врз правилното делење на правдата;
Имајќи предвид дека одолговлекувањето во кривичните постапки може да биде поправено, не само со распределба на соодветни ресурси и со начинот на кој тие ресурси се користат, туку и со појасна дефиниција на приоритетите за водење на казнената политика, во поглед на форма и суштуна, преку:
- примена на начелото на дискреционо гонење;
- употреба на следните мерки кога се одлучува за прекршоци и масовни кривични дела:
- таканаречената скратена постапка,
- вонсудска спогодба на органите надлежни во кривични предмети и други посреднички органи, како можна алтернатива на кривично гонење,
- таканаречени поедноставени (забрзани) постапки;
- поедноставување на редовните судски постапки...“
2. Исполнување на должностите и обврските од страна на Грузија, Извештај на Комитетот на Совет на Европа за почитување на должностите и преземените обврски на државите членки (Мониторинг комитет) од 21 декември 2005 година
55. Релевантните извадоци од споменатиот извештај на Мониторинг комитетот гласат:
„44. Известувачите исто така имаат определени резерви во врска со зголемената тенденција на пренесување на странски, обично неевропски правни модели во грузискиот судски систем. Тоа, на пример, е случај со новите законски одредби за спогодба за вина, кои се обид за имитирање на законската практика на САД, и на кои известувачите ќе се навратат во параграфот посветен на борба против корупција. ...
47. Иако е јасно дека надлежните органи мора да ги земат предвид јавните барања за брза и одлучна акција во најозлогласените случаи на наводна корупција, известувачите инсистираат дека очекувањата на јавноста не можат да оправдаат кршење на правата на осомничените и непочитување на основите начела на правична кривична постапка. Апсења на некои поранешни функционери обвинети за корупција беа спроведени во спектакуларни околности, често без судски налог дури и во случаи кога немало никаква индикација дека осомничените имаат намера да побегнат. Организациите за заштита на човекови права информираа за неколку случаи за употреба на прекумерна сила, некои апсења беа снимени и сликани – со кои се деградира достоинството на осомниечните – беа пренесувани на неколку телевизиски канали. Почитувањето на начелото на презумпција на невиноста за некои категории на осомничени треба допрва да се востанови во новата Грузија.
48. Системот на „спогодување за вина“ со кој се овоможува на некои осомничени лица да им се ублажат обвиненијата или да бидат повечени во замена за исплата на пари кои тие наводно ги проневериле, е во најмала рака, контроверзен. Иако спогодувањето за вина многу се користи во САД како и во некои држави членки на Советот на Европа, тоа обично се однесува на спогодби со кои обвинетите се согласуваат да се изјаснат за виновни (да обвинат и други виновници итн) во замена за обвинение за полесно кривично дело. Грузискиот систем на спогодување за вина оди еден чекор понатаму и воведува и финансиска компонента во размената – обвинетите треба да вратат определен износ на пари, кој е приближна вредност на она што наводно го украле. Во замена за тоа, обвинителот се согласува да го ублажи или да го повлече обвинението. Спогодбата мора да биде одобрена од судија.
49. Известувачите сметаат дека спецификите на грузиската верзија на системот на спогодување за вина, посебно воведувањето на финансиската компонента и наизглед арбитрерниот начин на кој таа се применува во некои случаи, но не и за останатите, ја прават оваа практика некомпатибилна со стандардите на Советот на Европа. Системот не само што може да создаде впечаток дека на големите крадци им е дозволено да купат имунитет за да не им се суди, туку и загрижувачки затоа што отсуството на законска и административна меѓусебна проверка и контрола [checks and balances] кај грузиската полиција, обвинителството и судовите создава ризик од злоупотреба. Известувачите имаат разбирање дека со парите добиени со „спогодување за вина“ (досега околу 30 милиони американски долари) се многу важни и помогнале за исплата на пензии и други неодложни потреби, но тие не се во согласност со поимот сугериран од Државниот правобранител дека ефикасноста на постапката може да мери во однос на буџетските приходи кои ги генерира. После долгогодишна распостранета корупција и систематско непочитување на владеењето на правото на Грузија ѝ е потребно правосудство кое е ефикасно и еднакво за сите.
50. Затоа, известувачите ги повикуваат грузиските васти веднаш и суштински да ја преиспитаат важечката постапка за спогодување за вина, со цел таа да биде усогласена со стандардите на Советот на Европа.“
3. Резолуција 1415 (2005) на Парламентарното собрание на Советот на Европа
56. На 24 јануари 2006 година Парламентарното собрание на Советот на Европа, откако го разгледа горенаведениот извештај на Мониторинг комитетот, ја усвои резолуцијата 1415 (2005), а релевантните извадоци од нејзиниот текст гласат:
„9. Собранието, откако ги консултираше грузиските власти ... ја повикува Грузија: ...
Kритички да ја преиспита постоечката практика на системот на „спогодување за вина“ кој, во неговата сегашна форма, од една страна допушта некои наводни извршители на кривични дела да ги употребат средствата добиени со извршување кривични дела за да ја платат својата слобода, и, од друга, создава ризик да се применува арбитрерно, да се злупотреби дури и за политички цели;...“
4. Извештај на Томас Хамарберг, Комесар за човекови на права на Советот на Европа, после неговата посета на Грузија од 18 до 20 април 2011 година
57. Релевантните делови на извештајот објавен од Комесарот за човекови права на 30 јуни 2011 година, кои се однесуваат на системот на спогодување за вина, гласат:
„Спогодби за вина
63. Комесарот обрна посебно внимание на прашањето на спогодување за вина и неговата примена во кривична постапка.
64. Спогодувањето за вина сега преовладува во водењето на кривични постапки во Грузија. Неговата примена нагло се зголеми откако беше воведено во 2004 година. Претседателот на Врховниот суд го извести Комесарот дека во 2010 година спогодбите за вина биле применети во околу 80% од кривичните предмети.
65. Неспорно е дека спогодувањето за вина е успешна алатка во борбата со корупцијата и организираниот криминал. Тоа исто така ја нуди и важната придобивка на брзо одлучување на кривични предмети, намалувајќи го обемот на работа на судовите, обвинителите и бранителите. Понатаму, тоа придонесува кон намалување на санкциите и како последица и на бројот на затвореници, што е клучно во контекст на високиот степен на пренатрупаност во затворите во Грузија.
66. Актуелниот модел на спогодување за вина, заснован на новиот ЗКП, подразбира изјаснување на вина или спогодба со обвинителот во поглед на санкцијата (nolo contendere plea). Може да се иницира или од обвинетиот или од јавниот обвнител.
67. Учеството на бранител е задолжително во контекст на спогодувањето за вина, сепак, улогата на бранителите во оваа постапка е ограничена. Според информациите добиени од Комесарот, повеќето обвинети се речиси сигурни дека ќе бидат осудени, и бранителите, наместо да работат на ослободување на нивните клиенти, ги советуваат да се спогодат со јавниот обвинител да им биде намалена санкцијата на законскиот минимум. Oвој став е посебно чест за кривични дела за кои се предвидува казна затвор како санкција. Сепак, Заменик министерот за правда посочи дека одредбите на новиот Закон за кривична постапка кои предвидуваат поголеми права на одбрана исто така позитивно ќе влијаат и на позицијата на одбраната во контекст на спогодувањето за вина.
68. Една од забелешките на Комесарот се однесува на дискреционите овластувања на обвинителот во текот на преговорите за спогодбата за вина. На пример, обвинителот сега може да побара дури и санкција помала од законскиот минимум, надлежност за која многумина веруваат дека треба да биде на судот. Покрај тоа, судот не го дефинира потребниот степен на соработка на обвинетиот со обвинителството, што води кон субјективност и неконзистентна практика.
69. Спогодбата за вина се одобрува со судска пресуда. Во текот на разгледувањето на спогодбата од страна на судот, судијата треба да се осигура дека спогодбата не е склучена под присила и со заплашување и треба да ги испита доказите доставени како поткрепа на обвинението. Властите тврдат дека судската контрола над спогодбите за вина е важна гаранција, нагласувајќи дека судот може да одбие да ја одобри спогодбата доколку обвинението не е поткрепено со докази или ако утврди некаква повреда. Сепак, бранителите тврдат дека во пракса, судијата кога ја анализира спогодбата, во суштина се потпира на доказите доставени од обвинителот, и во големото мнозинство на случаи судијата се согласува со барањата на обвинителот.
70. Една од особеностите на грузискиот систем на спогодување за вина се однесува на член 42 од Кривичниот законик, кој предвидува дека паричните казни изречени во контекст на спогодба за вина дури и за кривични дела за кои во Кривичниот законик тој вид на санкција не е предвиден. Според Transparency International Грузија, во пракса парични казни се плаќаат во 99% од случаите, податок кој властите го оспоруваат. Постапката не е доволно транспарентна, поради непостоењето на јасни критериуми за изрекување на паричните казни. Бранителите на човековите права во Тбилиси тврдеа дека тоа се прави врз основа на оцена на способноста на обвинетиот за плаќање, што довело до перцепција дека слободата може да биде купена.
71. Иако примената на системот на спогодување за вина во пракса доведе до загриженост, властите тврдат дека постојат доволно гаранции во тој систем. Заменик министерот за правда, сепак, ја потврди потребата за зголемување на транспарентноста на системот и за подобрување на перцепциите на јавноста.
72. Законот исто така предвидува целосно ослободување од казна во исклучителни случаи кога обвинетиот ефикасно соработува со истражните органи. Иако оваа можност секако може да помогне во решавање на кривични предмети, беа пријавени случаи на злоупотреба во овој контекст. ...
73. Исто така беше искажана загриженост дека системот на спогодување за вина може да доведе до неподготвеност на обвинетите да се жалат на злоупотреба или прекумерна употреба на сила од полицијата, доколку дошло до тоа. Властите во минатото го потврдиа проблемот и воведоа заштитни мерки. Сепак, проблемот може да не е во постоењето на системот на спогодување за вина како таков, туку, како што веќе беше забележано, контекстот во кој тој систем се применува. Очекувајќи дека речиси сигурно ќе бидат осудени, за многумина обвинети спогодувањето за вина е единствена алтернатива да добијат поблага казна, и помалку е веројатно обвинетиот да истакне основан навод за злоупотреба доколку верува дека постои опасност тоа може да ја доведе во прашање шансата да склучи спогодба со обвинителот.
Заклучоци и препораки
74. Функционирањето на системот на спогодување за вина не може и не смее да се гледа како одделен систем од целиот систем на кривично правосудство. Комбинацијата на повеќе фактори – големиот број на осудителни пресуди, строга казнена политика и ниската доверба на јавноста во правосудството – може да влијае обвинетиот да се изјасни за виновен дури и ако е невин, што води кон изобличување на правдата.
75. Важно е да се има на ум дека кога се спогодува за вина и се изјаснува за виновен, обвинетиот се откажува од повеќе права, вклучувајќи го правото да сведочи и правото на судење. Комесарот забележува дека иако може со законот да се предвидени заштитни гаранции, нивното спроведување во пракса е предмет на критики. Судиите треба да вршат адекватна контрола над спогодбите за вина и да се погрижат дека овие заштитни мерки се целосно имплементирани во пракса. Комесарот е исто така загрижен за многу ограничената улога на одбраната во преговорите за склучување спогодба за вина.
76. Од суштинска важност е обвинетиот кој се изјаснува за виновен тоа го прави доброволно и без никаков несоодветне притисок . За таа цел, на системот му е потребно развивање на објективни стандарди за преговори помеѓу одбраната и обвинителот, појасна дефиниција на концептот „соработка со истражните органи“, како и појасни критериуми за утврдување на износот на парични казни кои се му изрекуваат на обвинетиот.
77. На крај, постои итна потреба за конкретни мерки за зголемување на транспарентноста на системот. Комесарот ги поддржува напорите на властите во овој поглед и ги охрабрува да усвојат инклузивен пристап со консултација на сите релевантни групи, вклучително и активиститее за човековите права како и бранителите.“
В. Transparency International
58. Во февруари 2010 година, Transparency International Грузија (TИ Грузија), домашен огранок на горенаведената невладина организација, го објави својот прв аналитички извештај за системот на спогодување за вина во Грузија – Спогодување за вина во Грузија.
59. По објаснувањето на постапката, образложението на државата за воведувањето на спогодувањето за вина во правниот систем, фактите за неговата примена (според официјални статистички податоци, во 2005 година процентот на кривични предмети завршени со спогодба за вина бил 12.7%), во извештајот се анализираат ризиците кои се создаваат со уникатниот грузиски модел на спогодување за вина во однос на правото на правично судење.
60. Затоа, некои од релевантните извадоци од последниот дел на извештајот гласат (сите статистички податоци споменати во извештајот се официјални, добиени од ТИ Грузија или од Врховниот суд на Грузија или од обвинителството):
„... Статистичките податоци покажуваат дека спогодбите за вина, откако ќе бидат склучени помеѓу обвинетиот и обвинителот, речиси секогаш се одобрени од судот.
Теоретски, судијата кој претседава со советот треба да осигура дека спогодбата за вина не била склучена како резултат на несоодветен притисок врз обвинетиот и дека спогодбата била склучена доброволно. Судијата мора исто така да се осигура дека суштинските права на обвинетиот (како што е правна помош од страна на бранител) не биле прекршени. Во пракса, само осум спогодби за вина биле одбиени од грузиските судии во 2008 година од вкупно 8,770 такви спогодби склучени таа година, што е помалку од 0.1%. Судиите мора да утврдат дека постои prima facie докази кои укажуваат на вина. Со други зборови, судијата треба да биде убеден дека доказите доставени од обвинителот би се сметале за доволни да наложат водење на целосна кривична постапка. Разликата е во тоа што при спогодувањето за вина, доказите не се оспоруваат од обвинетиот.
Сите бранители со кои разговараше организацијата ТИ Грузија се сомневале дека судиите ги оценувале доказите за постоење на prima facie вина ‘од чисто процедурален аспект, и ништо повеќе од тоа’. Еден пример во кој судиите наводно не го испитале соодветно случајот е случајот на Нацвлишвили и Тогонидзе, каде обвинетиот кажал дека обвинителот се согласил да започне постапка за спогодување за вина дури откако тој ги предал акциите во фабриката за автомобили на државата и исплатил GEL 50,000 „по своја слободна волја“. Судот потоа ја одобрил спогодбата за вина, врз основа на официјалната парична казна од GEL 35,000, во која не биле вклучени „подароците“ исплатени претходни, без дури и да ги испита сомнителните исплати. ...
Сезнаен обвинител?
Доколку сте обвинети за кривично дело во Грузија, можете да бидете прилично сигурни дека ќе бидете осудени. Процентот на изречени осуди е висок. Од 17,639 кривични постапки иницирани пред грузиските судови во 2008 година, само седум завршиле со ослободителна пресуда, а 111 биле запрени пред да се донесе пресуда. Тоа значи процентот на осудителни пресуди изнесува 99%, за што противниците на спогодувањето за вина велат дека е директна последица на губењето на независноста на судството предизвикано од оваа практика. Обвинителите велат дека високиот процент на осудителни пресуди е резултат на „вредното работење“ и „внимателното гонење“ и е доказ дека системот добро функционира.
Заменик претседателот на Врховниот суд, Заза Меишвили, тврди дека процентот на осудителни пресуди не е ништо невообичаено ако се спореди со САД, каде 90‑95% oд кривичните постапки завршуваат со спогодба за вина и оттука и со осудителна пресуда.
Сепак, разликата е во тоа што високиот размер на случаи на спогодување за вина во кои обвинетиот не се изјаснува за виновен исто така завршуваат со осуда. Повеќето земји имаат понизок процент на осудителни пресуди од Грузија. На пример, помеѓу земјите од ОЕЦД, само процентот во Јапонија од 99.7% осудителни пресуди е повисок од процентот во Грузија. ...
Иако уделот на ослободителни пресуди се намали откако беше воведено спогодувањето за вина во 2004 година, нивниот број пред тоа беше толку мал, да нема поголема разлика. Преминавме од 97% осудителни пресуди на 99% осудителни пресуди во 2009 година. Всушност, во 2005 година, година во која спогодувањето за вина премина од мерка за борба со корупцијата во широко применувана практика во обични кривични предмети, бројот на ослободителни пресуди и завршени предмети речиси двојно се зголеми, а процентот на осудителни пресуди се намали на 94%, што е најнизок процент до тогаш.
Објаснувањето на високиот процент на осудителни пресуди е помалку поврзан со спогодувањето за вина и повеќе со советското правно наследство на Грузија, систем во кое признанието на вина владее. Како што еден професор кажа: ‘најмоќната личност во советскиот модел на кривична постапка беше, и во голем дел, се уште останува, е обвинителот. Тој или таа беше одговорен за водење на целата кривична постапка, и малку водеше сметка за примената на изнудени признанија на вина, фалсификувани докази или притворот како метод за изнудување на признание’.
Заменик претседателот на Врховниот суд, Заза Меишвили, за ТИ Грузија потврди дека процентот на признанија е висок, велејќи дека во „големото мнозинство“ на спогодби за вина имало признание на обвинетиот.
Спогодбата е единствен избор
Но, иако не може високиот процент на осудителни пресуди да го ставиме на товар на спогодувањето за вина, огромната статистичка веројатност дека ќе има осудителна пресуда има уште една негативна последица. Суштината на спогодувањето за вина наложува дека тоа треба да биде токму само процес на спогодување во кој обвинетиот се обидува да добие најблага можна казна од обвинителот. Тоа е можно само кога обвинетиот има доволно јака позиција за спогодбата со обвинителот да има вредност. Со други зборови, обвинителот знае дека доколку не се согласи со условите на обвинетиот, ќе мора да помине низ долга законска постапка, можеби и во три судски инстанци. Кога процентот на осудителни пресуди е речиси 100%, таа позиција е многу ослабната, овозможувајќи им на обвинителите да ги диктираат условите и оставајќи ги обвинетите со понуди „земи или остави“.
Во системи во кои има висок процент на осудителни пресуди, спогодувањето за вина не функционира. Кога дури и обвинетите кои се невини чувствуваат притисок да „признаат вина“ затоа што статистичка веројатност да бидат ослободени е толку ниска, моќта е во рацете на обвинителите. Затоа, освен ако процентот на осудителни пресуди во Грузија се намали на пореално ниво, спогодувањето за вина како институт не може да функционира ефикасно.“
61. Според официјалните статистички податоци кои ТИ Грузија ги добила од Врховниот суд на Грузија и кои се цитирани во горенаведените извештаи, процентот на ослободителни пресуди во Грузија во 2004 година бил 0.4%, 0.7% во 2005 година, 0.2% во 2006 година и останал на 0.1% од 2007 до 2009 година.
III. КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА
62. Од триесетте земји членки на Советот на Европа анализирани поради постоењето на кривична постапка слична по својот карактер на грузискиот систем на спогодување за вина, не постои еквивалентен механизам во следните три држави – Азербејџан, Грција и Турција. Мал борј на други држави (имено Австрија, Данска и Португалија), иако немаат воведено закони со кои спогодувањето за вина се востановува како законски концепт во нивните правни системи, сепак нивната пракса го познава спогодувањето за вина или слични постапки.
63. Австрија, Белгија, Франција и Лихтенштајн имаат постапки кои содржат елементи на спогодувањето за вина кои водат до запирање на кривичната постапка, додека пак Босна и Херцеговина, Бугарија, Република Чешка, Естонија, Франција, Германија, Унгарија, Италија, Малта, Молдова, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Србија, Словачка, Словенија, Шпанија, Швајцарија, Украина и Обединетото Кралство (Англија и Велс) имаат воведено постапка за спогодување за вина која води кон осудителна пресуда.
64. Покрај тоа, Австрија, Република Чешка, Унгарија, Црна Гора, Русија и Србија предвидуваат можност за изрекување на поблага казна, повлекување на обвинението или запирање на кривичната постапка, доколку обвинетиот соработува со надлежните органи и на тој начин придонесува кон решавањето на предметот.
65. Спогодувањето за вина во земјите членки на Советот на Европа воглавно е во форма на спогодување за казната, а тоа е случај во Босна и Херцеговина, Бугарија, Република Чешка, Естонија, Франција, Германија, Унгарија, Италија, Малта, Молдова, Црна Гора, Романија, Русија, Србија, Словачка, Словенија, Шпанија, Швајцарија, Украина и Обединетото Кралство. Спогодување за описот на кривичното дело постои во Унгарија, Србија, Словенија, Шпанија, Швајцарија и Обединетото Кралство. Анализата покажува дека спогодувањето за санкцијата е најчеста практика во државите членки на Советот на Европа. Овој аспект е тесно поврзан со начелото на легалитет кое предвидува помала дискрециона слобода на обвинителот за измена или повлекување на обвинението.
66. Спогодбите за вина кои водат до осудителна пресуда, без исклучок, се оценуваат од надлежен суд. Во оваа смисла, судовите имаат обврска да проверат дали спогодбата за вина е склучена во согласност со важечките процедурални и материјални норми, дали обвинетиот ја склучил доброволно и свесно, дали постојат докази кои ја поткрепуваат спогодбата склучена од обвинетиот и дали условите на спогодбата се соодветни.
67. Врз основа на анализата, може да се утврди дека судот кој постапува генерално има обврска да ги разгледа списите пред да одлучи дали да ја одобри или одбие спогодбата за вина и мора да се осигура дека доказите во списите ја поткрепуваат спогодбата за вина или признанието на обвиниетиот. За разлика од тоа, во Италија, судот не е должен согласно законот да ги испита доказите или да провери дека има prima facie докази против обвинетиот, а во Швајцарија судот исто така не е автоматски обврзан да ги испитува доказите. Рускиот закон не предвидува изречна обврска судовите да ги испитуваат доказите во постапка на спогодување за вина. Сепак, може аргументирано да се тврди дека таква обврска може да се изведе од обврската за судот кој постапува во случајот да провери дали се исполнети сите услови за одоборување на спогодбата за вина.
68. Во поретки случаи, судовите се задолжени со закон, барем во определени околности, да наредат и да испитаат дополнителни докази кои не се во списите на предметот во случај на скратена постапка. Во овој поглед, германските судови и натаму имаат обврска да наредат изведување на докази со цел откривање на било каков аспект на случајот кој може да биде релевантен за нивната одлука, дури ако била склучена спогодба за вина. Во Обединетото Кралство, доколку фактите се спорни, судот мора да биде повикан да сослуша сведоци за да ги утврди фактите, и потоа врз таа основа да донесе осудителна пресуда.
69. Во повеќето држави кои беа анализирани, спогодбите се склучуваат од обвинителството и обвинетиот, а потоа судот ги преиспитува. Во ова сценарио, судовите во принцип имаат моќ да одобрат или одбијат спогодба за вина, но не и да ги изменат условите на таа спогодба. Во Бугарија, на судовите им е дозволено да предложат измени на спогодбите за вина кои тие ги разгледуваат. Сепак, на тие измени треба да се согласат обвинетиот, бранителот и обвинителот. Во Германија, Романија и во определена мера, Обединетото Кралство, условите на спогодбата се дефинираат од надлежен суд (а не се засноваат на претходна согласност помеѓу обвинителството и одбраната).
70. Врз основа на анализата, може да се потврди дека постапките за спогодување за вина се водат како скратена постапка во секоја земја која има предвидено таква постапка. Процедуралните заштитни мерки и судските гаранции затоа се засегнати кога се склучува спогодба за вина. Сепак, за да се ублажат тие последици, предвидени се бројни заштитни механизми.
71. На пример, одбраната е задолжителна во Бугарија, Република Чешка, Франција (за секое појавување пред суд пред признавањето на вина (comparution sur reconnaissance préalable de culpabilité)), Унгарија, Малта, Молдова, Русија, Србија и Словенија. Другите анализирани земји немаат специјални правила кои наложуваат одбрана во постапки на спогодување за вина, така што се применуваат редовните правила за правно застапување на обвинетиот.
72. Склучувањето на спогодба за вина зависи од признание на обвиниетиот во Австрија и Лихтенштајн (во двете држави постои само концептот Diversion, кој води кон запирање на кривичната постапка, во Босна и Херцеговина, Република Чешка, Естонија, Франција, Германија, Унгарија, Малта, Молдова, Црна Гора, Романија, Русија, Србија, Словачка, Словенија, Шпанија, Швајцарија, Украина и Обединетото Кралство. Италија, од друга страна, претставува исклучок: спогодбата за вина не мора нужно да содржи признание за вина од страна на обвинетиот.
73. Сепак, во речиси сите анализирани држави, со очигледен исклучок на Романија, изјавувањето на вина на обвинетиот може да се користи само во спогодбата за вина. Доколку спогодбата за вина не се склучи или е одбиена од судот, изјавувањето на вина или признанието на обвинетиот не може да се употреби против него.
74. Судовите одлучуваат за спогодбата за вина на рочиште во следните држави: Босна и Херцеговина, Бугарија, Република Чешка, Естонија, Франција, Германија, Унгарија, Италија, Малта, Молдова, Црна Гора, Романија, Русија, Србија, Словачка, Словенија, Шпанија, Швајцарија, Украина и Обединетото Кралство. Присуството на обвинетиот е задолжително согласно законот, на пример, во Бугарија, Црна Гора, Романија, Русија, Унгарија и Словачка. Од друга страна, неговото присуство не е нужно во Италија.
75. Во мнозинството на држави кои беа анализирани, правото на жалба е ограничено откако ќе се склучи спогодбата за вина. Се чини дека постои целосно откажување од тоа право во случај на склучување на спогодба за вина (барем кога спогодбата е одобрена од судот) во Словенија. Склучувањето на спогодба за вина доведува до ограничување на правото на жалба во Босна и Херцеговина, Бугарија, Република Чешка, Естонија, Унгарија, Италија, Малта, Молдова, Црна Гора, Русија, Србија, Словачка, Шпанија, Швајцарија и Украина. Правото на жалба е незасегнато во Франција, Австрија, Лихтенштајн, Германија, Полска, Романија и Обединетото Кралство.
ПРАВО
I. НАВОДНИ ПОВРЕДИ НА ЧЛЕН 6, СТАВ 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА И ЧЛЕН 2 ОД ПРОТОКОЛ Бр. 7
76. Првиот жалител се жалеше по основ на член 6, став 1 од Конвенцијата и член 2 од Протокол бр. 7, дека постапката на спогодување за вина применета во неговиот случај била злоупотреба на постапката и дека немал право на жалба до повисок суд против одобрувањето на судот на таа спогодба, што тој сметал дека е неразумно.
77. Член 6, став 1 од Конвенцијата и член 2 од Протокол бр. 7, во делот во кој се релевантни, гласат:
Член 6
„1. Секој има право при одлучувањето за основаноста на било какво кривично обвинение против него на правично ...судење...пред независен и непристрасен суд воспоставен со закон.“
Член 2 oд Протокол бр. 7
„1. Секој кого судот го прогласил за виновен за кривично дело има право пресудата или казната изречена за тоа дело да биде преиспитана од страна на повисок суд. Остварувањето на ова право, вклучувајќи ги и основите по кои може да се остварув, се утврдуваат со закон.“
A. Аргументи на Владата
78. Владата истакна дека спогодувањето за вина, форма на консензуална и скратена кривична постапка, било успешно инкорпорирано во законите и практиката на повеќе европски држави и пошироко во светот, во согласност со основните гаранции за правично судење. Појавата и ширењето на спогодувањето за вина е последица за зголемениот интерес за процедурална ефикасност. Владата нагласи дека уште од 1987 година Комитетот на министри ги советувал државите членки на Советот на Европа да воведат средства за поедноставување и забрзување на судските постапки, каде спаѓале скратени постапки, вонсудски спогодби и изјаснување на вина (види параграф 54 погоре). Таа понатаму истакна дека постапката за спогодување за вина претставувала практична и една од најуспешните алатки за борба против корупцијата и организираниот криминал. Воведувањето на спогодувањето за вина во Грузија во 2004 година не можело целосно да се разбере без да се цени контекстот на ендемски криминалитет и корупција кои владееле во земјата во тоа време. Примената за спогодување за вина била предвидена да биде итен одговор на тие системски проблеми.
79. Владата истакна дека спогодувањето за вина во Грузија подразбирало откажување од определени процедурални права во замена за поблага казна или забрзана постапка. Сепак, најсуштинските гаранции за правично судење останувале важечки и во таков случај согласно домашното право, и тие биле соодветно применети во кривичната постапка против првиот жалител. Така, најпрво, првиот жалител бил застапуван од квалификуван бранител, дал претходна согласност пред да започна преговорите со јавниот обвинител, и ја дал потребната писмена согласност, потврдена со потпис и од неговиот бранител, за договорените услови на спогодбата. Потоа, првостепениот суд ја преиспитал спогодбата за вина на усна и јавна расправа, во текот на која испитал дали спогодбата била постигната без присила или под други неправични услови и дали првиот жалител бил подготвен да ја прифати таа спогодба целосно свесен за карактерот на обвинението и казната која може да му се изрече. Што се однесува на други гаранции, Владата се повика на фактот не само што првиот жалител имал право да ја одбие договорената спогодба за вина додека судот ја разгледувал, туку исто така судијата, кој бил должен ја оцени основаноста на обвиненијата, имал овластување да ја одбие спогодбата во случај на било какво сомневање за кривичната одговорност на првиот жалител.
80. Во поддршка на тврдењето дека првиот жалител бил целосно запознат со содржината на спогодбата за вина и дека се согласил со таа спогодба доброволно, Владата се повика на следните фактички околности на случајот. Прво, првиот жалител бил застапуван од стручен бранител по негов избор уште од 16 март 2004 година, еден ден после неговото апсење (види параграф 15 погоре). На 25 март 2004 година тој испратил допис до јавниот обвинител, изразувајќи намера да соработува со надлежните органи и да постигне спогодба (види параграф 18 погоре). На 1 август 2004 година првиот жалител добил пристап до списите на предметот, и на 6 август 2004 година тој ангажирал и втор бранител по свој избор (види параграф 21 погоре). Откако истрагата завршила и доказите против првиот жалител биле приклучени кон списите на 6 септември 2004 година, јавниот обвинител покренал обвинение со кое првиот жалител се обвинува за присвојување на јавни средства од големи размери. Откако соодветно го проучил обвинението и собраните докази, првиот жалител, застапуван од двајца бранители, повторно ја изразил својата подготвеност да соработува со надлежните органи и истиот ден, на 6 септември 2004 година, акциите кои ги поседувал во фабриката ги префрлил на државата како надомест за штетата предизвикана со неговите дејствија (види параграфи 22 и 23 погоре).
81. На 9 септември 2004 година, првиот жалител доставил уште една писмена изјава до јавниот обвинител. Тој ја изразил својата желба да постигне спогодба за вина во однос на казната и да плати GEL 35,000 како казна. Во таа изјава, тој изречно потврдил дека целосно го разбирал концептот на спогодување за вина. Истиот ден, јавниот обвинител го посетил првиот жалител во затвор, каде, во присуство на двајцата бранители, бил изготвен записник за спогодбата и потпишани од сите лица за кои станува збор. Потоа, тој записник бил соодветно разгледан од судот (види параграфи 27-29 погоре).
82. Што се однесува на соодветноста на преиспитувањето од страна на судот на спогодбата за вина склучена помеѓу првиот жалител и обвинителството, Владата истакна дека во текот на расправата од 10 септември 2004 година судијата се осигурал дека спогодбата е склучена врз основа на слободна волја и информирана согласност на првиот жалител. Во поддршка на овој навод, Владата се повика на релевантни извадоци од записникот за расправата. Владата нагласи дека Градскиот суд во Кутаиси можел целосно да провери дали гаранциите за правично судење биле почитувани од страните во текот на преговорите за спогодбата за вина, со оглед на тоа дека ги имал сите списи пред него, вклучително: изјавата на првиот жалител од 9 септември 2004 година во која тој изразува подготвеност да започне спогодување за вина, самата спогодба, потпишана и од првиот жалител, неговиот бранител и јавниот обвинител, и поднесокот на јавниот обвинител до судот во која бара спогодбата да биде одобрена.
83. Понатаму, како што било потврдено со записникот од расправата од 10 септември 2004 година, Градскиот суд го сослушал првиот жалител, кој недвосмислено останал на својата поготвеност за завршување на постапката преку спогодба за вина. Тоа било потврдено и од неговиот бранител. Со други зборови, Градскиот суд направил сè што можел за да се осигура дека првиот жалител слободно и свесно ја склучил спогодбата за вина. Инаку, Градскиот суд би ја одбил спогодбата, затоа што имал овластување тоа да го стори согласно домашниот закон. Владата понатаму истакна дека, дури и ако спогодбата за вина била доверлила (член 679-2, став 4 oд ЗКП ), што било условено од бројни легитимни причини, расправата од 10 септември 2004 година била јавна. Во поддршка на тој навод, Владата достави писмени изјави на бранителот на првиот жалител, обвинителот и на вработен во секретаријатот на Градскиот суд во Кутаиси, од 10 и 11 јули 2007 година, а кои биле присутни на спомената расправа. Тие сведоци потврдиле дека расправата била јавна и дека судската администрација не спречила ниту едно заинтересирано лице да влезе во судница.
84. На крај, што се однесува на неможноста првиот жалител да поднесе жалба против одлуката на Градскиот суд во Кутаиси од 10 септември 2004 година, Владата тврдеше дека прифаќајќи ја спогодбата за вина тој недвосмислено се откажал од неговото право на жалба, исто како и од некои други права кои се однесуваат на правично судење. Генерално, Владата тврдеше дека постапката на спогодување за вина која довела до осуда на првиот жалител изречена во скратена постапка не го прекршила ниту член 6, став 1 од Конвенцијата ниту член 2 од Протокол бр. 7.
Б. Аргументи на првиот жалител
85. Првиот жалител тврдеше дека завршувањето на кривичната постапка против него преку спогодување за вина претставувало повреда на член 6, став 1 од Конвенцијата и член 2 од Протокол бр. 7 кон Конвенцијата, затоа што по обвинението против него било одлучено без правично судење и без можност за изјавување на жалба. Иако прифаќањето на спогодба подразбирало откажување од определени процедурални права, тоа откажување не било проследено со ефикасни заштитни мерки против злоупотреба на правната постапка од страна на обвинителството. За да ги демонстрира недостатоците на грузискиот модел на спогодување за вина, првиот жалител даде свој компаративен преглед на како слични механизми за спогодување за вина функционирале во повеќе други европски земји (конкретно во Германија, Обединетото Кралство, Италија, Франција и Русија). Врз основа на таа споредба, тој тврдеше дека, за разлика од правните системи во споменатите земји, грузискиот модел на спогодување за вина не му дозволувал тој да биде застапуван од бранител од почетокот на истрагата и не му дозволувал на судијата во доволна мера да ја преиспита правичноста на околностите во кои била постигната спогодбата за вина.
86. Повикувајќи се на релеватни меѓународни забелешки за грузискиот модел за спогодување за вина, првиот жалител истакна дека тој модел не можел да функционира правично во кривично правосудство каде процентот на осудителни пресуди е 99% (види параграфи 57-60 погоре). Тој исто така се повика на резултатите од емпириска студија, според која дури и во оние системи каде стапката на осудителни пресуди е 15-20%, обвинетите кои се сметале за невини често избирале да се изјаснат за виновни. Со други зборови, не можело да се каже дека неговата одлука да ја прифати спогодбата за вина била целосно доброволна. Како последица на тоа, единствената реална можност тој да избегне долга затворска казна била да започне спогодување за вина. Првиот жалител нагласи во тој поглед дека, во моментот на прифаќање на спогодбата за вина, тој бил притворен во неподносливи и многу стресни услови, делејќи ќелија со убиец и лицето кои го киднапирало и злоупотребувало во декември 2002 година. Во врска со тоа, тој исто така се повика на системскиот проблем на лоши материјални услови во сите казнено-поправни установи во Грузија во тоа време.
87. Првиот жалител се жалеше дека грузискиот модел на спогодување за вина му давал неограничени права и привилегии на обвинителството, законски пропуст кој исклучувал секаква можност за склучување на спогодба помеѓу страните на повеќе или помалку рамноправна основа. Во врска со тоа, првиот жалител повторно се повика на заклучоците од анализата спроведена од Transparency International Грузија (види параграфи 58-60 погоре). Тој исто така го критикуваше фактот што само обвинителот, а не и обвинетиот имал право, согласно домашното право, да се обрати до судот со барање за спогодба за вина во релевантниот период, и дека обвинителот, а не судијата, имал овластување да избере каква казна да се изрече согласно спогодбата за вина. Првиот жалител исто така го критикуваше отсуството на јасна дефиниција на поимот во домашното право „соработка со истражните органи“, правна празнина која го зголемувала ризикот од злоупотреба.
88. Првиот жалител изјави дека ниту јавниот обвинител, ниту судијата не го предупредиле за откажувањето од сите негови процедурални права во случај на склучување на спогодба за вина. Тој исто така се жалеше овластувањата на домашните судови во процесот на спогодување за вина не претставувале доволен систем на проверка и контрола на потенцијалните злоупотреби на положбата од страна на обвинителот. Домашниот суд можел само да ја преиспитува спогодбата, а не можел да испитува како се воделе релевантните преговори и дали биле извршени евентуални злоупотреби во текот на тие преговори, затоа што немал пишан или аудио запис од тие преговори. Така, дури и ако Градскиот суд во Кутаиси формално го прашал жалителот во текот на расправата од 10 септември 2004 година дали бил изложен на било каков притисок во текот преговорите, тоа не било ефикасна проверка, затоа што било јасно дека првиот жалител, кој бил притворен во тоа време под контрола на извршната гранка на власта, не би се осмелил да му се довери на судот за таква присила. Понатаму, домашниот суд не се обидел да се осигура дека жалителот, како обвинето лице, целосно ги разбира фактите кои довеле до кривично обвинение против него.
89. Првиот жалител се жалеше дека Градскиот суд во Кутаиси ја одобрил спогодбата за вина во еден ден, додека било објективно невозможно да се проучат списите во толку кус временски период. Всушност, неговата вина и казна биле утврдени од обвинителот, а домашниот суд само формално ги одобрил наодите на обвинителот без да изврши својата судска проверка. Понатаму, забележувајќи дека трансферот на акции и исплатите се случиле на 6, 8 и 9 септември 2004 година, што значи, пред спогодбата за вина да биде одобрена од Градскиот суд во Кутаиси на 10 септември 2004 година, тој истакна дека доколку одбиел да ја прифати предложената спогодба за вина пред Градскиот суд во Кутаиси на 10 септември 2004 година, тоа само би довело да продолжување на неговото лишување од слобода, покрај загубата на сиот претходно предаден имот, без да добие ништо во замена. Во врска со тоа првиот жалител нагласи дека тој никогаш не се изјаснил виновен за кривичните дела за кои бил обвинет. На крај, првиот жалител остана на жалбениот навод дека не можел да изјави жалба против пресудата на Градскиот суд од 10 септември 2004 година со која бил осуден врз основа на спогодбата за вина, тврдејќи дека релевантиот закон за кривична постапка не му нудел правна можност за да ја оспорува присилата која била применета врз него во текот на спогодувањето за вина.
В. Оцена на Судот
90. Најпрво и во одговор на емпириските аргументи на првиот жалител за одржливоста на грузискиот модел на спогодување за вина, Судот повторува дека не е негова задача да проверува дали релевантата домашна законска рамка е per se, некомпатибилна со стандардите од Конвенцијата. Тоа прашање мора да се оцени земајќи ги предвид конкретните околности на кривичниот предмет првиот жалител. Судот понатаму воочува дека може да се смета за заедничка карактеристика на европските кривични правосудни системи обвинетиот да добие обвинение за полесни дела или да му се намали казната во замена за изјаснување на вина или изјава nolo contendere пред почетокот на судењето или затоа што во значителна мера соработувал со истражните органи (видете ја компаративната анализа, параграфи 62-75 погоре во пресудата; исто така во врска со тоа, Славчо Костов против Бугарија, бр. 28674/03, параграф 17, 27 ноември 2008 година и Руцињски против Полска, бр. 33198/04, параграф 12, 20 февруари 2007 година). Не може да има ништо несоодветно во самиот процес на спогодување за обвинение или казна (види, mutatis mutandis, Бабар Ахмад и други против Обединетото Кралство (одлука), бр. 24027/07, 11949/08 и 36742/08, ECHR 6 јули 2010 година). Во врска со тоа, Судот се согласува со мислењето дека спогодувањето за вина, освен што нуди големи придобивки за брзо решавање на кривични предмети и намалување на обемот на работа на судовите, обвинителите и бранителите, може исто така, доколку се применува правилно, да биде успешна алатка за борба со корупцијата и организираниот криминал и може да придонесе за намалување на бројот на изречени казни, и како последица на тоа, и на бројот на затвореници.
91. Судот смета дека кога последица на спогодувањето за вина е дека за кривично обвинение против обвинетиот се одлучува во скратена постапка, тоа претставува, во суштина, откажување од повеќе процедурални права. Тоа не е проблематично само по себе, затоа што ниту словото, ниту смислата на член 6 не спречува некое лице да се откаже од тие заштитни механизми по своја сопствена слободна волја (види Скопола против Италиа (бр.2) [ГСC], бр. 10249/03, параграф 135, 17 септември 2009 година). Судот во тој поглед забележува дека уште во 1987 година Комитетот на министри на Советот на Европа ги повикал земјите членки да преземат мерки за поедноставување на редовните судски постапки, на пример, со примена на забрзани, скратени постапки (види параграф 54 погоре). Сепак, исто така темелно начело е дека секое откажување од процедурални права мора секогаш, за да биде ефикасно во смисла на Конвенцијата, да биде дадено на недвосмислен начин и да биде проследено со минимални заштитни механизми кои се сразмерни на неговото значење. Покрај тоа, тоа не смее да биде спротивно на важен јавен интерес (види, помеѓу другите преседани, Скопола (бр. 2), цитиран погоре, параграфи 135-36; Поатримол против Франција, 23 ноемри 1993 година, параграф 31, издание A бр. 277-A; и Ерми против Италија [ГСC], бр. 18114/02, параграф 73, ECHR 2006‑XII).
92. Судот затоа воочува дека потпишувајќи спогодба со обвинителството во врска со казната и не противејќи се на обвиненијата против него, првиот жалител се откажал од правото неговиот предмет да биде мериторно разгледан. Сепак, по аналогија со горенаведените начела во врска со валидноста на таквото откажување, Судот смета дека одлуката на првиот жалител да ја прифати спогодбата за вина требала да биде пропратена со следните услови: (a) спогодбата требало да биде прифатена од првиот жалител со целосна свесност за фактите на случајот и правните последици и на навистина доброволен начин; и (б) содржината на спогодбата и правичноста на начинот на кој таа била постигната морало да бидат подложени на доволно преиспитување од страна на судот.
93. Во врска со тоа, Судот најпрво воочува дека самиот жалител побарал обвинителството да подготви спогодба за вина. Со други зборови, иницијативата била лична негова, и, како што се гледа од списите, не може да се каже дека спогодувањето било наметнато од обвинителството; првиот жалител недвосмислено ја изразил својата подготвеност да ја надомести штетата нанесена на државата (види параграфи 14, 18, 22 и 27 погоре). Нему му било дозволено разгледување на списите уште на 1 август 2004 година (види параграф 21 погоре). Судот исто така забележува дека првиот жалител бил уредно застапуван од двајца стручни бранители по негов избор (спореди со Ерми против Италија, цитиран погоре, параграф 79). Еден од нив се состанувал со жалителот од самиот почеток на кривичната постапка, застапувајќи го во текот на првото сослушување во истрагата на 17 март 2004 година (види параграфи 15 и 16). Двајцата бранители се грижеле првиот жалител да има правен совет во текот на преговорите за спогодбата за вина со обвинителството, а еден од нив исто така го застапувал жалителот додека судот ја разгледувал спогодбата. Исто така важен е фактот што судијата на Градскиот суд во Кутаиси кој бил надлежен за испитување на законитоста на спогодбата за вина во текот на расправата од 10 септември 2004 година, ги прашал првиот жалител и неговиот бранител дали жалителот бил подложен на било каков облик на несоодветен притисок во текот на преговорите со обвинителот. Судот воочува дека првиот жалител изречно потврдил во неколку прилики, и пред обвинителството и пред судијата, дека тој целосно ја разбрал содржината на спогодбата, дека му биле објаснети неговите процедурални права и законските последици од спогодбата, и дека неговата одлука да ја прифати спогодбата не била резултат на било каква присила или лажни ветувања (види параграфи 27, 28 и 31 погоре).
94. Судот исто така воочува дека бил изготвен писмен записник за спогодбата постигната помеѓу обвинителот и првиот жалител. Документот потоа бил потпишан од обвинителот, првиот жалител и неговиот бранител, и бил доставен до Градскиот суд во Кутаиси на разгледување. Судот смета дека овој фактор е важен, затоа што во него на јасен и неспорен начин биле изложени точните услови на спогодбата како и преговорите кои претходеле, а документот бил поднесен на разгледување до судот.
95. Како дополнителна гаранција за адекватноста на судското преиспитување на правичноста на спогодбата за вина, Судот придава значење на фактот дека Градскиот суд во Кутаиси, согласно важечкиот домашен закон, не бил обврзан со спогодбата постигната помеѓу првиот жалител и обвинителот. Напротив, Градскиот суд бил овластен да ја одбие спогодбата во зависност од неговата оцена за правичноса на условите на спогодбата и постапката која довела до таа спогодба. Не само што судот имал право да ја оценува соодветноста на казната предложена од обвинителот за делата кои се ставаат на товар, туку тој бил овластен и да ја намали таа казна (член 679-4, став 1, 3, 4 и 6). Судот исто така го зема предвид фактот дека Градскиот суд во Кутаиси заради ефикасно преиспитување на улогата на обвинителот во спогодувањето за вина, испитувал дали обвиненијата против првиот жалител биле основани и дали биле поткрепени со prima facie (член 679-4, став 5). Фактот дека Градскиот суд ја испитал и одобрил спогодбата за вина на јавна расправа, во согласност со условите содржани во член 679-3, став 1 oд ЗКП, според Судот, дополнително допринесле, кон севкупниот квалитет на судското разгледување за кое станува збор.
96. На крај, што се однесува на жалбениот навод на првиот жалител по основ на член 2 од Протокол бр.7, Судот смета дека е вообичаено опсегот на правото на жалба до повисок суд да биде поограничено во однос на осудителна пресуда заснована на спогодба за вина, која претставува откажување од правото кривичниот предмет против обвинетиот да биде мериторно разгледан, во споредба со осудителна пресуда донесена во редовна кривична постапка. Судот повторува во врска со тоа дека државите договорнички имаат широк простор за слободна оцена [wide margin of appreciation] согласно член 2 од Протокол бр. 7 (види, помеѓу останатите преседани, Кромбах против Франција, бр. 29731/96, параграф 96, ECHR 2001‑II). Судот е на мислење дека со прифаќањето на спогодбата за вина, првиот жалител, покрај што се откажал од правото да му се суди во редовна кривична постапка, се откажал и од правото на редовна жалба. Таа законска последица од спогодбата за вина, која произлегува од јасно формулираната одредба на домашниот закон (член 679-7, став 2), била или требала му биде објаснета од страна на неговите бранители. По аналогија со претходните заклучоци за компатибилноста на спогодувањето за вина на првиот жалител со начелото на правичност заштитено со член 6, став 1 од Конвенцијата (види параграфи 92-95 погоре), Судот смета дека откажувањето од правото на редовна жалба не претставува ни арбитрерно ограничување кое е спротивно на аналогниот критериум за разумност содржан во член 2 од Протокол бр. 7 (за општиот принцип во врска со меѓусебниот однос помеѓу условите за правичност во овие две одредби, види Галстјан против Ерменија, бр. 26986/03, параграф 125, 15 ноември 2007 година).
97. Со оглед на горенаведеното, Судот заклучува дека прифаќањето на спогодбата за вина од страна на првиот жалител кое подразбирало откажување од неговите права на редовно мериторно разгледување на неговиот случај и на правото на редовна жалба, било несомнено свесна и доброволна одлука. Судејќи по околностите на случајот, не може да се каже дека таа одлука била резултат на присила или лажни ветувања од страна на обвинителството, туку напротив, таа била проследена со доволни заштитни механизми против злоупотреба на постапката. Судот исто така од достапните докази не може да утврди дека тоа откажување било спротивно на некаков важен јавен интерес.
98. Следува дека немало повреда ниту на член 6, став 1 од Конвенцијата, ниту на член 2 од Протокол бр. 7.
...
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ,
1. Одлчува, со шест гласа за и еден против, дека немало повреда на член 6, став 1 од Конвенцијата и на член 2 од Протокол бр. 7 од Конвенцијата;
...
Пресудата е изработена на англиски јазик, и доставена во писмена форма на 29 април 2014 година, по основ на правило 77, став 2 и 3 од Правилата на Судот
Сантиаго КесадаЈусеп Касадевал
СекретарПрестедател
Во согласност со член 45, став 2 од Конвенцијата и правило 74, став 2 од Правилата на Судот, издвоеното мислење на судијата Ѓулумјан е приклучено кон оваа пресуда.
J.C.M.
S.Q.
Извоеното мислење не беше преведено, но го има на англиски јазик во верзијата на официјален јазик на пресудата која може да се најде во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се преземе од HUDOC базата на податоци на судска пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на случајот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако целта е да се употреби било кој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy