© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПРВА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА НАЗАРЕНКО против РУСИЈА
(Жалба бр. 39438/13)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
16 јули 2015 г.
КОНЕЧНА ВЕРЗИЈА
16/10/2015
Оваа пресуда стана правосилна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија.
Во случајот на Назаренко против Русија,
Европскиот суд за човекови права (Првата секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:
Изабел Беро (Isabelle Berro), претседател,
Елизабет Штајнер (Elisabeth Steiner),
Канлар Хаџијев (Khanlar Hajiyev),
Мирјана Лазарова Трајковска (Mirjana Lazarova Trajkovska),
Јулија Лафранк (Julia Laffranque),
Ксенија Турковиќ (Ksenija Turković),
Дмитри Дедов (Dmitry Dedov), судии,
и Сорен Нилсен (Søren Nielsen), секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 23 јуни 2015 г.,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнува од жалба (бр. 39438/13) против Руската Федерација поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на рускиот државјанин, г-динот Анатолиј Сергејевич Назаренко („жалителот“) на 15 мај 2013 година.
2. Руската Влада („Владата“) беше претставувана од г-динот Г. Матјушкин, претставник на Руската Федерација во Европскиот суд за човекови права.
3. Жалителот тврдеше конкретно дека со одземањето на неговото татковство тој бил лишен од правото да контактира со својата ќерка или да покрене граѓанска постапка во одбрана на нејзините права, и дека тој не бил информиран за датумот на расправата по неговата жалба.
4. На 15 октомври 2013 г. за горенаведените поплаки била информирана Владата, а остатокот од жалбата била прогласена за недопуштена. Исто така одлучил да го примени правилото 41 од Деловникот на Судот и да ѝ додели приоритет на жалбата.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителот е роден во 1965 година и живее во Улан-Уде.
6. Во 2007 г, сопругата на жалителот Н. ја родила ќерката А.
7. Во 2010 г. жалителот и Н. се развеле.
8. На 18 јануари 2011 Окружната управа на Октјабрскиј за детска грижа и старателство (во понатамошниот текст „Управата за детска грижа“) го утврдила местото на живеење на А. на следниов начин: во парните седмици со жалителот, а во непарните седмици со нејзината мајка Н. Во јануари, јуни, јули и август А. требала да живее со жалителот по една недела месечно по негов избор.
А. Настаните што му претходеле на одземањето на татковството
9. На 22 март 2011 г. жалителот открил неколку модринки на телото на А. Сомневајќи се дека била тепана и сексуално злоставувана од новиот партнер на Н. тој одбил да ѝ ја врати А. на Н.
10. Во текот на наредната година А. живеела со жалителот и нејзината баба од таткова страна. Во неколку прилики жалителот ѝ дозволил на Н. да ја посети А. во негово присуство.
11. На 25 март 2011 жалителот се пожалил во полиција и до Окружниот истражен комитет на Октјабрскиј дека неговата ќерка била тепана и сексуално злоставувана од партнерот на Н. Истражниот комитет отворил предистражна постапка.
12. И жалителот и Н. побарале од Окружниот суд на Октјабрскиј во Улан-Уде налог за местото на живеење за А.
13. На 25 април 2011 г. А. била интервјуирана од истражно лице во присуство на психолог во рамките на предистражната постапка. А. изјавила дека таа сакала да живее со жалителот бидејќи тој бил фин, додека мајка ѝ и новиот партнер на мајка ѝ лошо постапувале со неа. На 27 јуни и 3 август 2011 г. повторно била интервјуирана од истражно лице во присуство на психолог и таа ги повторила истите тврдења од претходно.
14. На 19 мај 2011 г. Окружниот суд на Октјабрскиј го одобрил барањето на Н. за налог за местото на живеење и го отфрлил сличното барање на жалителот. Судот утврдил дека двајцата родители подеднакво учествувале во одгледувањето на А. Обајцата имале доволно финансиски средства и условите во кои живееле биле подеднакво задоволувачки. Меѓутоа ако се земе во предвид полот и возраста на А., се претпочитало таа да биде одгледана од нејзината мајка. Дете помало од дванаесет години можело да биде разделено од мајката само во вонредни околности. Такви околности не биле утврдени во актуелниот случај. Н. била вработена и имала доволни приходи. Немало докази на запоставување или малтретирање од нејзина страна. Модриците А. можела да ги има добиено како резултат на пад или во игра и не претставувале доволен доказ за малтретирање. Кривичната истрага во врска со наводите за малтретирање сè уште биле во тек. Наодот на вештото лице-психолог назначен од судот дека А. била емотивно поблиска со татко ѝ и бабата од страна на таткото отколку со мајка ѝ не бил земен во предвид во отсуство на утврдени факти на малтретирање од страна на мајката. Затоа било во најдобар интерес на А. да живее со мајка ѝ.
15. На 20 мај 2011 г. Управата за детска грижа нотирала дека А. сакала да живее со татко ѝ. Инспекцијата на станот на жалителот потврдила дека жалителот ги имал обезбедено сите услови за нормален развој на А. Управата за детска грижата затоа одлучила дека А. требала да живее со татко ѝ.
16. На 22 јуни 2011 г. Врховниот суд на Република Бурјатија ја потврдил пресудата од 19 мај 2011 г. во однос на жалбата. Тој одлучил дека, прекршувајќи ја постапката пропишана со закон, Окружниот суд не ги зел во предвид наодите и мислењето на Управата за детска грижата. Според тоа Окружниот суд направил сериозна повреда на постапката. Меѓутоа со оглед дека мислењето на Управата за детска грижата било од советодавна природа, а не обврзувачко за судот тоа што не било земено во предвид нејзиното мислење не оправдувало повторно разгледување на пресудата, што во суштина било точно.
17. На 30 јуни 2011 г. Окружниот истражен комитет на Октјабрскиј покренал кривична постапка во врска со наводното малтретирање и сексуално злоставување на А.
18. Со оглед дека А. и понатаму била кај жалителот, Н. се обратила до Окружниот суд на Октјабрскиј со барање да издаде судски налог во кој ќе се барало од жалителот да ѝ ја врати А.
19. На 29 ноември 2011 г. Окружниот суд на Октјабрскиј го одобрил барањето на Н. Тој утврдил дека жалителот одбивал да се придржува на пресудата од 19 мај 2011 г. и ја потврдил жалбата. Тој наложил, согласно таа пресуда, жалителот да ѝ ја врати А. на Н. На 30 јануари 2012 г. Врховниот суд на Република Бурјатија ја потврдил пресудата за која била поднесена жалба.
20. На неутврден датум жалителот по втор пат поднел барање за местото на живеење на А. до Окружниот суд на Октјабрскиј, истовремено барајќи да се ограничи родителското право на Н. во однос на А.
21. На 23 јануари 2012 г. Окружниот суд на Октјабрскиј го отфрлил барањето и ја потврдил својата претходна наредба дека А. требала да живее со својата мајка, цитирајќи ги истите причини како и тие што биле наведени во пресудата од 19 мај 2011 г. Судот не утврдил никакви причини за ограничување на родителското право на Н. во однос на А. На 2 април 2012 г. Врховниот суд на Република Бурјатија ја потврдил пресудата против која била поднесена жалба.
22. На 13 март 2012 Н. ја киднапирала А. од жалителот. Од тогаш не му дозволувала на жалителот да се гледа со својата ќерка.
23. На 20 март 2012 г. А. повторно била интервјуирана од истражно лице во присуство на психолог. Таа рекла дека ѝ се допаѓало да живее со својата мајка и дека таа добро постапувала со неа.
24. На 23 април 2012 г. А. била распрашана од панел на психолози назначени од истражното лице во рамките на кривичната постапка. Тие одлучиле дека А. не страдала од никаква ментална ретардација или нарушување. Меѓутоа заради нејзината возраст, ниво на развој и нејзината чувствителност на надворешни влијанија таа не можела да даде веродостојно сведочење за нејзиниот однос со нејзината мајка, нејзиниот татко и новиот партнер на мајка ѝ.
25. На 30 април 2013 г. Окружниот истражен комитет на Октјабрскиј прекинал кривична постапка утврдувајќи дека немало докази за малтретирање или сексуално злоупотребување. Модринките можеле да бидат предизвикани од пад. Според вештите лица, изјавите на А. дека партнерот постапувал лошо со неа не биле сигурни. Сведоците не можеле да дадат никакви информации за тврдењата на жалителот за злоставување на детето.
Б. Одземањето на татковството и настаните што следеле
26. Жалителот по трет пат побарал од Окружниот суд на Октјабрскиј налог за местото на живеење за А. Тој исто така побарал на Н. да ѝ биде одземено родителското право во однос на А.
27. Додека гореспоменатата постапка била во тек Н. поднела барање до Окружниот суд на Октјабрскиј за оспорување на татковството на жалителот за А. и побарала неговото име да биде избришано од изводот од матичната книга на родени на А. и да се смени презимето и патронимикот на А..
28. На 23 јули 2012 г. ДНК анализата за татковство покажала дека жалителот не ѝ бил биолошкиот татко на А.
29. На 18 септември 2012 г. Окружниот суд на Октјабрскиј ги одобрил барањата на Н. Тој утврдил дека жалителот не ѝ бил биолошки татко на А. и му го одзел правото на татковство. Тој наложил името на жалителот да биде избришано од изводот од матичната книга на родени на А. и презимето и патронимикот на А. да бидат сменети со презиме и патронимик кои немале врска со жалителот. На 19 ноември 2012 г. Врховниот суд на Република Бурјатија ја потврдил пресудата за која имало жалба.
30. На 16 јануари 2013 г. Окружниот суд на Октјабрскиј ја прекинал постапката во однос на барањето на жалителот за налог за местото на живеење и налог да се лиши Н. од родителското право на А. Судот утврдил дека жалителот не бил биолошкиот татко на А. и дека затоа тој немал никакво право согласно домашното право да покрене граѓанска постапка во врска со родителското право за А. или аранжманот околу местото на живеење. Жалителот не бил присутен на расправата заради болест.
31. На 27 февруари 2013 г. Врховниот суд на Република Бурјатија ја потврдил пресудата против која имало поднесено жалба. Според жалителот тој не бил информиран за датумот на расправата. Ниту пак бил информиран за одлуката по жалбата до 12 март 2013 г.
32. На 31 мај 2013 г. судија на Врховниот суд на Република Бурјатија одбил да ја упати за разгледување касациската жалбата на жалителот до Президиумот на тој суд утврдувајќи дека немало значителна повреда на материјалното или процедуралното право што би влијаела врз исходот од постапката. Тој забележал дека немало доказ во досието на случајот дека писмо било испратено до жалителот на 7 февруари 2013 г. со кое бил информиран за датумот на расправата по жалбата. Но информацијата за датумот на расправата исто така била објавена на официјалната веб страница на судот. Жалителот оттука бил соодветно информиран за датумот на расправата по жалбата.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
Error! Bookmark not defined.. Законот за семејство предвидува родителите на детето да дејствуваат во име на детето и да ги штитат правата и интересите на детето во односите со други физички или правни лица. Тие делуваат ex officio како правни застапници на детето во судските постапки (член 64 § 1) .
33. Во случај родителите да се разделат аранжманите за местото на живеење на детето се прават во договор меѓу нив. Доколку не се постигне таков договор аранжманите за местото на живеење на детето се прават со судски налог, и при тоа се зема во предвид она што е во најдобар интерес на детето и неговото/нејзиното мислење во однос на тоа прашање. При тоа Судот мора да ја земе во предвид пред сè приврзаноста на детето за секој од родителите и браќата и сестрите, односите меѓу детето и секој од родителите, возраста на детето, моралот и другите лични квалитети на родителите и можностите што секој од нив ги има во креирањето на услови за одгледување на детето и неговиот развој (како што се занимањето, работното време, финансиската и семејната состојба и др. работи на секој од родителите) (член 65 § 3).
34. Родителот што не живее со детето има право да одржува контакт со детето и да учествува во неговото одгледување и образование. Родителот со кој живее детето не може да го попречува контактот на детето со другиот родител, освен ако таквиот контакт не му штети на физичкото или психолошкото здравје или морален развој на детето (член 66 § 1).
35. Детето има право да одржува контакти со своите родители, баби и дедовци, браќа, сестри и други роднини. Разводот, разделувањето или поништувањето на бракот на родителите на никаков начин не влијаат на правата на детето. Конкретно во случај кога родителите живеат разделено детето има право да одржува контакт со обајцата (член 55 § 1).
36. Бабите и дедовците, браќата, сестрите и другите роднини имаат право да одржуваат контакти со детето. Доколку родителите или еден од нив, спречуваат блиските роднини да се гледаат со детето, Управата за детска грижата може да наложи да се одржува контактот меѓу детето и роднината во прашање. Доколку родителите не се придржуваат до наложеното од страна на Управата за детска грижа, засегнатиот роднина или Управата за детска грижа може да побара од судот налог за контакт. Судот мора да донесе одлука во интерес на детето и мора да го земе во предвид мислењето на детето. Доколку родителите не се придржуваат до налогот за контакт од судот, можат да се сметаат за одговорни во согласност со законот (член 67).
37. Судот може да го лиши родителот од родителското право на барање на другиот родител, старател, обвинител или социјалните служби доколку меѓу другото родителот го малтретира детето со примена на физичко или психолошко насилство или сексуално злоставување (член 69 и 70 § 1).
38. Судот може да го огранички родителското право на родителот и да го отстрани детето од родителска грижа во интерес на детето а на барање на близок роднина, социјалните служби, образовни институции или обвинител. Родителското право може да биде ограничено во случаи кога родителот претставува опасност по детето (член 73).
39. Мајчинството или татковството на детето може да се оспори пред суд од страна на лицето кое е заведено во изводот од матичната книга на родени како негов/а татко или мајка, од страна на биолошките мајка или татко, од самото дете откако ќе стане полнолетно, од старателот на детето или ако родителот на детето е правно неспособен од страна на старателот на родителот.
III. РЕЛЕВАНТЕН МЕЃУНАРОДЕН И КОМПАРАТИВЕН МАТЕРИЈАЛ
А. Документи на Обединетите нации
40. Членот 3 од Конвенцијата за правата на детето усвоена во 1989 г. од страна на Генералното собрание на ООН, а која била ратификувана од Русија во 1990 г. го предвидува следново:
„1. Во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавни или приватни институции за социјална заштита, судови, управни органи или законодавни тела.
2. Државите членки се обврзуваат на детето да му ја обезбедат заштитата и грижата кои се неопходни за неговата благосостојба, земајќи ги во вид правата и обврските на неговите родители, законските старатели или на други поединци кои се правно одговорни за детето и за таа цел ги преземаат сите потребни законски мерки...“
41. Нејзиниот член 9 уредува, во релевантниот дел, дека:
„1. Државите членки обезбедуваат ниедно дете да не биде одвоено од своите родители против негова волја, освен кога надлежните органи, врз основа на судски увид, а во согласност со соодветниот закон и процедури, ќе одлучат дека таквото разделување е неопходно и е во најдобар интерес на детето. Таквата одлука може да биде неопходна во одреден случај, како на пример ако го малтретираат или го занемаруваат детето или ако живеат одвоено, па мора да се донесе одлука за местото на живеење на детето.
3. Државите членки го почитуваат правото на детето кое е одвоено од едниот или двајцата родители да одржува лични односи и непосредни контакти со двајцата родители врз постојана основа, освен ако тоа не е во спротивност со најдобрите интереси на детето...“
42. Во Општиот коментар бр. 14 (2013) за правото на детето да биде земено во предвид она што е во негов најдобар интерес пред сè друго (чл. 3, став 1), усвоен на 29 мај 2013 (CRC/C/GC/14), Комитетот на ООН за правата на детето, се вели, конкретно следново:
„13. Секоја од државите-членки мора да го почитува и спроведува правото на детето да му бидат проценнети неговите најдобри интереси и да бидат земени како нешто од примарна важност и има обврска да ги преземе сите неопходни, промислени и конкретни мерки за целосно остварување на ова право.
14. Членот 3 став 1 ја утврдува рамката со три различни видови на обврски за земјите-членки:
(а) Обврската да се обезбеди она што е во најдобар интерес на детето да е соодветно интегрирано и доследно да се применува од страна на секоја јавна институција, особено во рамките на сите мерки за спроведување, административни и судски постапки, кои директно или индиректно влијаат на детето.
(б) Обврската да се обезбеди дека сите судски и управни одлуки како и политики и законодавство што се однесува на децата демонстрираат дека најдобрите интереси на детето се од примарна важност. Ова вклучува да се опише како најдобрите интерес биле испитани и проценети и каква тежина им се придава во самата одлука ...
15. За да обезбеди придржување државите треба да преземат низа мерки за спроведување во согласност со членовите 4, 42 и 44 ставот 6 од Конвенцијата и да обезбедат дека она што е во најдобар интерес на детето е од примарна важност при преземањето на сите активности, вклучително:
(а) Ревидирање, и онаму каде што е неопходно, измени и дополнување на домашното законодавство и други извори на правото за да се вгради членот 3 став 1 и да се обезбеди дека условот да се земат во предвид најдобрите интереси на детето е отсликан и вграден во сите национални закони и прописи, покраински или територијални законодавства, правила коишто важат за работата на јавните институции што даваат услуги коишто влијаат на децата, и судските и административните постапки на секое ниво, како материјалното право така и деловникот ...
(в) Воспоставување на механизми и процедури за жалби, правен лек или обесштетување со цел во целост да се реализира правото на детето неговите најдобри интереси да бидат соодветно интегрирани и доследно применети во сите мерки за спроведување, административните и судските постапки, кои се релевантни и влијаат на него.
29. Во граѓански случаи детето може да ги брани своите интереси директно или преку претставник во случаи за правото на татковство, злоставување или запоставување на дете, обединување на семејство, сместување, и сл. Детето може да ги чувствува последиците од дадено судење, на пример, во процедури за посвојување или развод, одлуки за старателство, место на живеење или други прашања кои значително влијаат врз животот и развојот на детето, како и постапки во врска со злоставување и запоставување на дете. Судовите мораат да обезбедат во сите ситуации и при секое одлучување да ги земат во предвид најдобрите интереси на детето без разлика дали се од процедурална или материјална природа и мора да демонстрираат дека тие ефективно го сториле тоа ...
36. Најдобриот интерес на детето ќе биде од примарна важност при усвојувањето на сите мерки за имплементација. Зборовите „ќе биде“ значат силна законска обврска за државите и значат дека државите не може да применат дискреционо право за тоа дали најдобрите интереси на детето се проценети и дали им е дадена соодветна тежина како нешто од примарна важност при секое преземено дејствие ...
60. Спречувањето на разделување на семејството и зачувувањето на единството на семејството се важни компоненти на системот за заштита на детето и се засноваат на правото предвидено во членот 9 став 1 кој бара „детето да не биде разделено од своите родители против својата волја, освен кога [...] таквото разделување е во најдобар интерес на детето“. Исто така детето кое е одвоено од едниот или двајцата родители има право „да одржува лични односи и непосредни контакти со двајцата родители врз постојана основа, освен ако е тоа во спротивност со најдобрите интереси на детето“ (чл. 9 ст. 3). Ова исто така се однесува на секое лице кое има старателски права, законските или обичајните примарни лица што се грижат, родители хранители и лица со кои детето има силни лични врски ...“
Б. Компаративен правен материјал
43. Членот 371-4 од францускиот Граѓански законик предвидува дека доколку интересите на детето го бараат тоа, судијата за семејни прашања ги решава модалитетите на односите меѓу детето и надворешни лице, било да е роднина или не, кој живеел на стабилен начин со детето и еден од неговите родители, кој учествувал во образованието на детето, секојдневната грижа или сместување и кој развил трајна емоционална врска со него.
44. Членот 1685 од германскиот Граѓански законик предвидува сите лица со кои детето има блиски врски да можат да побараат право на контакт доколку имаат или имале реална одговорност за детето (општествена и семејна врска) и доколку тоа е во најдобар интерес на детето. Генерално треба да се претпостави дека вистинската одговорност била преземена доколку лицето живеело подолг временски период во заедница со детето.
45. Членот 10 од Законот за деца на Обединетото Кралство од 1989 г. предвидува дека може да се бара право на контакт, особено од секоја страна во бракот (било да постои сè уште или не) во рамките на кој детето е дете на семејството, од страна на родител хранител или некој роднина со кој детето живеело најмалку една година пред да биде поднесено барањето; или од некое лице со кое детето живеело во период од најмалку три години.
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
46. Жалителот се жалеше дека одземањето на правото на татковство го лишило од неговото право да го одржи контактот со својата ќерка и да ги штити нејзините интереси на суд. Тој се повика на членот 8 од Конвенцијата којшто го уредува следново:
„1. Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Јавните власти не смеат да се мешаат во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање не е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, или економската благосостојба на земјата, спречување на нереди или кривично дело, заштитата на здравјето или моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.“
А. Допуштеност
47. Судот забележува дека оваа жалба не е евидентно неоснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 (а) од Конвенцијата. Понатаму забележува дека не е недопуштена по ниеден друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена.
Б. Основаност
1. Изјаснувања на странките
48. Владата се изјасни дека ДНК тестот утврдил дека жалителот не бил биолошкиот татко на А. Тестот бил спроведен во согласност со постапката пропишана со закон и руските судови го прифатиле како допуштен и веродостоен доказ кој обезбедува доволна основа за одлуката да му се одземе татковството на жалителот. Нема причина за сомнеж во точноста на ДНК тестот.
49. Владата тврдеше дека одземањето на татковството било компатибилно со Конвенцијата при што било докажано дека „законскиот“ татко на детето не бил нејзиниот биолошки татко. Според судската пракса на Судот услов за почитување на семејниот живот бил биолошката и социјалната реалност да надвладеат над правната презумпција на татковство (види Kroon and Others v. The Netherlands, 27 October 1994, § 40, Series A no. 297‑C; и Shofman v. Russia, no. 74826/01, § 44, 24 November 2005). Исто така, одлуката да mu се одземе на жалителот татковството врз А. се базирала на домашното право, имено членот 52 од Законот за семејство (види параграф 40 горе), во кој не се дава никакво временско ограничување за поведување на постапка за оспорување на татковството на едно дете.
50. Владата понатаму се изјасни дека согласно руското право само блиски роднини – родители, баби и дедовци, браќа и сестри, чичковци, вујковци, тетки и братучеди – имале право да одржуваат контакт со детеto (види параграф 37 горе). Со оглед дека татковството на жалителот на А. му било одземено тој немал никакво право согласно домашното право да одржува контакт со неа. Во оваа смисла Владата забележа дека жалителот никогаш не побарал од судот налог за контакт. Во секој случај со оглед на судирот што постоел меѓу жалителот и мајката на А. не би било во најдобар интерес на детето да му се дозволи контакт на жалителот (тие упатиле на Nekvedavicius v. Germany (dec.), no. 46165/99, 19 June 2003).
51. Владата исто така се изјасни дека жалителот немал основа согласно домашното право да побара судски налог да се лиши мајката на А. од родителското право. Руското право предвидувало дека само родител, старател, обвинител или социјалните служби можеле да побараат таков судски налог (види параграф 38 горе). Затоа одлуката на домашните судови да се прекинат постапките биле законски.
52. Конечно, Владата се изјаснила дека во сите свои одлуки домашните судови од секогаш биле водени од она што било во најдобар интерес на А. Особено, тие утврдиле, дека било во најдобар интерес на А. да биде одгледана од мајка ѝ.
53. Жалителот се држел на своите тврдења.
2. Оценка на Судот
54. Судот мора најпрво да испита дели постоела врска која достигнувала ниво на приватен или семеен живот меѓу жалителот и А. во рамките на значењето на Членот 8 од Конвенцијата.
55. Судот повторува дека поимот „семеен живот“ согласно членот 8 од Конвенцијата не е ограничен на врски засновани на брак и може да го вклучува и други де факто „семејни“ врски (види Anayo v. Germany, no. 20578/07, § 55, 21 December 2010, со дополнителни упатувања). Постоење или непостоење на „семеен живот“ за потребите на членот 8 е пред сè прашање на факт во зависност од вистинското постоење во пракса на блиски лични врски (види K. and T. v. Finland [GC], no. 25702/94, § 150, ECHR 2001‑VII). Иако, по правило, кохабитацијата може да биде услов за таков однос, други вонредни фактори можат исто така да послужат за да се покаже дека врската е доволно доследна за да креираат де факто „семејни врски) (види Kroon and Others v. the Netherlands, цитиран горе, § 30).
56. Судот претходно утврдил дека односот меѓу семејството хранител и децата кои живееле со нив повеќе месеци достигнува ниво на семеен живот во рамките на значењето на членот 8 § 1 и покрај тоа што не постои биолошката врска меѓу нив. Судот го зеде во предвид фактот дека се развила блиска емоционална врска меѓу семејството хранител и детето слична на врската меѓу родителите и децата и дека семејството хранител во секој аспект се однесувало како родители на детето (види Moretti and Benedetti v. Italy, no. 16318/07, §§ 49-50, 27 April 2010, и Kopf and Liberda v. Austria, no. 1598/06, § 37, 17 January 2012).
57. Осврнувајќи се на актуелниот случај Судот забележува дека А. се родила во текот на бракот на жалителот со Н. и била пријавена како негова ќерка. Не сомневајќи се дека ѝ е татко на А., жалителот ја одгледувал и се грижел за неа повеќе од пет години. Како што било утврдено од Управата за детска грижа и вештите лица психолози постоела блиска емотивна врска меѓу жалителот и А. (види параграфи 14 и 15 горе). Со оглед дека жалителот и А. верувале дека се татко и ќерка повеќе години додека на крај било откриено дека жалителот не ѝ бил биолошкиот татко на А. и земајќи ја го предвид блискиот однос меѓу нив, Судот утврди дека нивниот однос достигнал ниво на семеен живот во рамки на значењето на членот 8 § 1.
58. Судот потоа ќе испита дали не бил почитуван семејниот живот на жалителот.
59. Судот забележува дека онаму каде што е утврдена семејна врска државата мора во принцип да делува на начин пресметан за да овозможи таа врска да се одржи. Заедничкото уживање во заемно друштво меѓу родителот и детето претставува основен елемент на семејниот живот и домашните мерки кои спречуваат такво уживање достигнува ниво на попречување на правото заштитено со членот 8 од Конвенцијата (види, меѓу другите извори, Monory v. Romania and Hungary, no. 71099/01, § 70, 5 April 2005, и K. and T. v. Finland, цитиран горе, § 150).
60. Исто така, иако главниот предмет на членот 8 е да се заштити поединецот од своеволно делување од страна на јавните власти, исто така има и позитивни обврски кои се инхерентни во делотворното „почитување“ за семејниот живот. Овие обврски можат да вклучуваат усвојување на мерки дизајнирани да обезбедат почитување на семејниот живот дури и во сферата на односите меѓу поединци, вклучително и обезбедувањето на регулаторна рамка на судската и извршната машинерија која ги штити правата на поединците и спроведување, онаму каде што може да се примени, на конкретните чекори (види Glaser v. the United Kingdom, no. 32346/96, § 63, 19 September 2000).
61. Во врска со обврската на Државата за спроведување на позитивни мерки Судот во повеќе наврати има одлучено дека членот 8 ги вклучува правото на родителот да преземе мерки за негово повторно обединување со своето дете и обврската на националните власти да преземат такво дејствие. Ова исто така се применува во случаи кога контактите и споровите во врска со местото на живеење на детето се јавуваат меѓу родителите и/или други членови на семејството на детето (види Manic v. Lithuania, no. 46600/11, § 101, 13 January 2015, со дополнителни упатувања).
62. Во контекст и на негативните и на позитивните обврски мора да се земе во предвид правичната рамнотежа што треба да се постигне меѓу конкурентните интереси на поединецот и на заедницата како целина; во обата контексти државата ужива одредено дискреционо право (види Гласер, цитиран горе, § 63). Членот 8 бара од домашните власти да постигнат правичен баланс меѓу интересите на детето и оние на родителите и дека во процесот на балансирање од примарна важност треба да биде она што е во најдобар интерес на детето, што во зависност од природата и сериозноста може да ги надмине оние на родителите (види Sahin v. Germany [GC],no. 30943/96, § 66, ECHR 2003‑VIII, и Płaza v. Poland, no. 18830/07, § 71, 25 January 2011).
63. Во актуелниот случај татковството на жалителот во однос на А. било одземено и неговото име избришено од изводот од матичната книга на родените откако било утврдено дека тој не бил нејзиниот биолошки татко. Како резултат жалителот ги изгубил сите родителски права врз А., вклучително и правата на контакт. Навистина Законот за семејство предвидувал дека само родителите, бабите и дедовците, браќата, сестрите и други роднини имале право да одржуваат контакт со детето (види параграфи 35 до 37 горе). Како што било потврдено од Владата, жалителот немал право согласно домашното право да одржува контакт со А. бидејќи повеќе не се сметал за нејзин родител или некој друг роднина. Во таквите околности Судот смета дека судското барање за налог за контакт однапред е осудено на неуспех врз основа на постоечкото домашно право.
64. Судот е загрижен заради нефлексибилноста на руските правни одредби кои ги уредуваат правата на контакт. Тие утврдуваат исцрпна листа на лица кои имаат право да одржуваат контакт со детето без да се посочат исклучоци кои ги земаат во предвид различните семејни ситуации и се од најдобар интерес за детето. Како резултат едно лице кое, како во случајот на жалителот, не е поврзано со детето, но кој се грижел за неа подолго време и кој изградил блиска лична врска со неа не може да се стекне со права за контакт во никакви околности и без разлика на најдобриот интерес на детето. Владата не посочила никакви причини зошто би било „неопходно во едно демократско општество“ да се воспостави нефлексибилна листа на лица кои имаат право да одржуваат контакт со едно дете и да не се прават исклучоци во примената на таа одредба и да се земе во предвид најдобриот интерес на детето во конкретните околности на секој случај.
65. Судот не е убеден дека најдобриот интерес на децата во сферата на правата за контакт можат навистина да бидат утврдени од општата правна претпоставка. Со оглед на големата разновидност на семејни ситуации кои можат да се јават, Судот смета дека правичното балансирање на правата на сите инволвирани лица бара проверка на конкретните околности на случајот (види, mutatis mutandis, Schneider v. Germany, no. 17080/07, § 100, 15 September 2011). Соодветно на тоа, членот 8 од Конвенцијата може да се протолкува како наметнување на обврска на земјите-членки да се проверува случај поединечно дали е во најдобар интерес на детето да одржува контакт со лицето, дали се биолошки поврзани или не, кој се грижел за него доволно долго време. Со тоа што на жалителот не му било дозволено правото да одржува контакт со А. без никаква проверка дали таквиот контакт би бил во најдобар интерес на А., Русија не се придржувала кон оваа обврска.
66. Судот забележува дека како резултат на примената на домашното право жалителот во целост и автоматски бил исклучен од животот на А по одземањето на неговото татковство. Меѓутоа се смета дека лицето коешто го одгледувало детето некое време како свое не смее во целост да биде исклучено од животот на детето откако било откриено дека тој не е негов биолошки татко, освен ако нема релевантни причини поврзани со она што е во негов најдобар интерес за да се постигне тоа. Во овој случај не е укажано дека постоеле такви причини. Никогаш не се сугерирало дека контактот со жалителот би бил штетен за развојот на А. Напротив, било утврдено како од Управата за детска грижа така и од вештите лица психолози дека постоела силна взаемна приврзаност меѓу жалителот и А., и дека жалителот добро се грижел за детето (види параграфи 14 и 15 горе).
67. Со оглед на горенаведеното, Судот смета дека властите не ја исполниле својата обврска да обезбедат можност за одржување на семејните врски меѓу жалителот и А. Целосното и автоматско исклучување на жалителот од животот на А. по одземањето на неговото татковство заради нефлексибилноста на домашните законски одредби – особено тоа што не му биле дозволени правата за контакт без соодветно да се разгледа што е во најдобар интерес на А. – оттука достигнало ниво на непочитување на семејниот живот на жалителот.
Соодветно на тоа има повреда на членот 8 од Конвенцијата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОВИТЕ 6 § 1 И 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
68. Жалителот се жалеше на прекинот на судската постапка по неговото барање за налог за местото на живеење и налог мајката на А. да се лиши од родителското право. Тој исто така се жалеше на тој што не бил информиран за расправата по жалбата одржана на 27 февруари 2013г. Тој се повика на членот 6 § 1 од Конвенцијата којшто го уредува следново:
Член 6 § 1
„При утврдувањето на неговите граѓански права и обврски ... секој има право на правична ... расправа ... од [а]... суд...“
Член 13
„Секој човек, чии права и слободи признати со оваа Конвенција се нарушени, има право на делотворен правен лек пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица кои вршеле службена должност.“
69. Владата се изјасни дека жалителот не поднел касациска жалба до Врховниот суд на Руската Федерација против одлуката од 16 јануари 2013 г. од страна на Окружниот суд на Октјабрскиј и последователната жалба и касациските одлуки од 27 февруари и 31 мај 2013 г. Ниту пак тој поднел жалба за надзорна ревизија до Президиумот на Врховниот суд. Затоа тој не ги исцрпил сите домашни правни лекови.
70. Владата исто така се изјасни дека жалителот немал основа согласно домашното право да побара судски налог да се лиши мајката на А. од родителското право (види параграф 38 горе) или за налог за местото на живеење. Затоа одлуката на домашните судови да се прекинат постапките биле законски. Исто така претходните барања на жалителот за налог за местото на живеење биле разгледани од домашните судови строго по законот. Жалителот исто така бил навреме информирам за расправата од 27 февруари 2013 г.
71. Жалителот се држеше до своите тврдења.
72. Судот смета дека приговорот на Владата за неисцрпување на домашните правни лекови е тесно поврзан со суштината на жалбите на жалителот во однос на членовите 6 § 1 и 13 од Конвенцијата и дека затоа мора да се приклучи во однос на основаноста. Судот смета дека жалбите треба да бидат прогласени за допуштени и одлучи во контекст на горенаведениот заклучок во однос на членот 8 дека не е неопходно да се испитаат издвоено жалбите на жалителот согласно членовите 6 § 1 и 13 од Конвенцијата.
III. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
73. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
74. Жалителот не поднел барање за правичен надоместок. Соодветно на тоа Судот смета дека нема барање за да му се додели некако износ по тој основ.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО,
1. Го приклучува на основаноста приговорот на Владата за неисцрпување на домашните правни лекови;
2. Ја прогласува жалбата за допуштена;
3. Одлучи дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата;
4. Одлучи дека нема потреба да ги разгледа жалбите во однос на членовите 6 § 1 и 13 од Конвенцијата ниту пак, како последица. горенаведениот приговор на Владата.
Изготвена на англиски јазик, и доставена на писмено на 16 јули 2015 година, согласно Правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Сорен НилсенИзабел Беро
Секретар Претседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights ( ) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@ .
Full & Egal Universal Law Academy