© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПОРАНЕШЕН
ВТОР ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ НУСРЕТ КАЈА (NUSRET KAYA) И ДРУГИ против ТУРЦИЈА
(Жалби бр. 43750/06, 43752/06, 32054/08, 37753/08 и 60915/08)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
22 април 2014 г.
КОНЕЧНА
08/09/2014
Оваа пресуда станала конечно согласно членот 44 став 2 од Конвенцијата. Може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Нусрет Каја (Nusret Kaya) и други против Турција
Европскиот суд за човекови права (поранешен втор оддел), заседавајќи во совет составен од:
Гвидо Рајмонди (Guido Raimondi), претседател
Исил Каракаш (Isil Karakaş),
Драгољуб Поповиќ (Dragoljub Popović),
Андраш Сајо (András Sajó),
Небојша Вучиниќ (Nebojša Vučinić),
Пауло Пинто де Албикиерк (Paulo Pinto de Albuquerque),
Хелен Келер (Helen Keller), судии
и Стенли Нејсмит (Stanley Naismith), секретар на одделот
Расправајќи на затворена седница 25 март 2014,
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од пет жалби ( бр. 43750/06, 43752/06, 32054/08, 37753/08 и 60915/08) против Република Турција, од страна на пет државјани на оваа држава, г-да Нусрет Каја (Nusret Kaya), Ахмет Герез (Ahmet Gerez), Мехмет Сирин Бозцали (Mehmet Şirin Bozçalı), Месут Јуртсевер (Mesut Yurtsever) и Мехмет Нури Озен (Mehmet Nuri Özen) („жалителите“), кои се обратиле до Судот на 4 октомври 2006 г. (жалби бр. 43750/06 и 43752/06), на 24 јуни (жалба бр. 32054/08), на 24 јули (жалба бр. 37753/08) и на 25 ноември 2008 г. (жалба бр. 60915/08)согласно членот 34 од Европската конвенција за човекови права и слободи („Конвенцијата“).
2. На г-дин Каја му беше дозволено самиот да се застапува пред Судот. Г-дин Бозцали беше застапуван пред Судот од страна на г-дин Ербил (Erbil), адвокат во Истанбул. Г-дин Јуртсевер и г-дин Озен беа застапувани од страна на г-дин Варгун (Vargün), адвокат во Анкара. Г-дин Герез беше застапуван од страна на г-дин О. Гундогду (О. Gündoğdu), адвокат во Карс.
Турската влада ("Владата") беше застапувана од нејзиниот агент.
3. Жалителите тврдеа особено дека претрпеле повреда на правото на почитување на нивната телефонска кореспонденција (член 8 од Конвенцијата) и дека не добиле фер судење (член 6 од Конвенцијата). Тие исто така се жалеле на повреда на членовите 3, 13, 14, 17 и 18 од Конвенцијата.
4. На 18 јануари 2010 година, жалбите беа доставени до Владата.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителите се родени соодветно во 1972, 1965, 1966, 1974 и 1976 година.
A. Нусрет Каја и Ахмет Герез (жалби бр. 43750/06 и 43752/06)
6. Во времето на поднесувањето на жалбата, жалителите се наоѓале во затворот од Е-тип во Мус (Muş).
7. За време на нивното претходно притворање во друг затвор - затворот од тип Х во Ерзурум (Erzurum) -, тие се обратиле до извршниот судија на Ерзурум со барање за укинување на ограничувањата што затворската управа ги наметнувала, според нив, на нивните телефонски разговори спречувајќи ги да зборуваат на курдски јазик.
8. На 29 мај 2006 година, одлучувајќи само врз основ на поднесените документи, извршниот судија на Ерзурум го отфрлил барањето. Во образложението, тој најпрво истакнал дека, иако членот 22 од Уставот и членот 8 од Европската конвенција за човекови права ја утврдуваат слободата на кореспонденција, овие две одредби, исто така, предвидуваат ограничувања на оваа слобода од причини како што се националната безбедност и јавниот ред. Тој понатаму укажал дека законот бр. 5275 за извршување на кривичните санкции и превентивните мерки („Законот бр 5275“), предвидувал дека телефонски разговори требало да се држат во условите и во согласност со начелата утврдени во Уредбата за спроведување на казните и превентивни мерки („Правилникот“). Тој исто така истакнал дека затворската администрација се уште не добила одговор на барањето со кое таа побарала да се провери, во согласност со членот 88/2 п) од тој правилник, дали лицата со кои засегнатите сакале да зборуваат го разбирале или не турскиот јазик. Тој истакнал во врска со ова дека ова прашање се уште требало да се разјасни и дека правниот лек поднесен од страна на жалителите се однесувал на општата практика на администрацијата, која, за судијата, не била во спротивност со законот. Тој заклучил дека затворските власти дејствувале во согласност со Законот бр. 5275 и членот 88/2 п) од Регулативата.
9. На 11 мај 2006 г, жалителите поднеле приговор против оваа одлука.
10. На 12 јули 2006 година, кривичниот суд од Ерзурум, одлучувајќи врз основ на поднесените документи, го отфрлил приговорот поднесен од страна на жалителите, сметајќи дека решението на судијата за извршување не било спротивно ниту на постапката ниту на законот.
Б. Мехмет Сирин Бозцали (Mehmet Şirin Bozçalı) и Месут Јуртсевер (Mesut Yurtsever) (жалби бр. 32054/08 и 37753/08)
11. Во времето на поднесувањето на барањата, жалителите биле притворени во затворот Болу (Bolu) од тип - Ф.
12. За време на нивниот престој во овој затвор, на 5 мај 2008 година, тие се обратиле до судијата за извршување на Болу со барање за укинување на ограничувањата кои, според нив, администрацијата ги наметнувала на нивните телефонски разговори спречувајќи ги да зборуваат на курдски јазик.
13. На 13 мај 2008 година, одлучувајќи врз основ на поднесените документи, судијата за извршување на Болу го отфрлил правниот лек, сметајќи дека практиката на затворската администрација била во согласност со постапката и со законот. Во својата одлука, тој истакнал дека правилникот за телефонските разговори на осудените и притворените во казнените домови и затворите со нивните најблиски кои се наоѓале надвор од установите бил укинат на 17 февруари 2007 г. Тој истакнал дека овој правилник не содржел ниту една одредба во врска со третирањето на барање за телефонски разговор на друг јазик освен турскиот. Тој објаснил дека законот бр. 5275 стапил на сила и дека членот 88 од Правилникот воведувал нови принципи, кои требало да се земат во предвид. Тој ги навел сите услови наведени во таа одредба во однос на контролата на телефонските разговори во затворите, вклучително прописот според кој телефонските разговори требало да се водат на турски јазик, освен во случаите каде што осудениот или неговиот соговорник или двајцата не го разбирале тој јазик. Тој појаснил дека, во такви случаи, правилникот барал затвореникот да наведе на образецот за телефонски разговори дека неговите блиски не разбирале турски јазик. Тој додал дека, кога затворските власти сметале дека е потребно, проверка - спроведена на трошок на осудениот - на веродостојноста на информациите можела да биде извршена, по што на затвореникот можело да му биде дозволено да зборува на курдски јазик. Тој појаснил, освен тоа, дека секој затвореник бил обврзан да го започне телефоснкиот разговор со изговарање на неговото име и презиме, а потоа да побара од соговорникот тој да го наведе своето име, презиме и телефонскиот број. За судијата, овој услов подразбирал дека, освен во одредени ситуации, телефонските разговори требало да се водат на турски јазик.
14. На 26 мај 2008 година, г-дин Јуртсевер поднел приговор против оваа одлука. Тој тврдел дека неговиот мајчин јазик бил курдскиот и дека затоа било нормално да го користи тој јазик за да зборува по телефон со неговата мајка. Тој исто така тврдел дека тоа било пракса во текот на изминатите пет години. Конечно, тој ја оспорил обврската наметната на барателот да ги плати трошоците врзани за проверката на информациите.
15. На 27 мај 2008 година, г-дин Бозцали, исто така, поднел приговор против одлуката на судијата за извршување, тврдејќи дека комуницирањето, кореспондирањето и живеењето согласно културниот идентитет е основно човеково право.
16. На 12 Јуни 2008 година, одлучувајќи врз основ на поднесеното досије, кривичниот суд од Болу го отфрлил приговорот поднесен од страна на жалителите. Тој сметал дека праксата на затворските власти и одлуката на судијата за извршување не биле спротивни ниту на постапката ниту на законот.
В. Мехмет Нури Озен (C. Mehmet Nuri Özen) (жалба бр. 60915/08)
17. Во времето на поднесувањето на барањето, жалителот бил притворен во затворот Болу од тип-Ф.
18. За време на неговиот престој во овој затвор, на 30 мај 2008 година, тој се обратил до судијата за извршување од Болу за да се жали на обврската која му била наметната да зборува на турски јазик за време на неговите телефонски разговори со неговите блиски и на одбивањето на затворските власти да му дозволат да ги води овие разговори на курдски јазик.
19. На 10 јуни 2008 година, одлучувајќи врз основ на поднесените документи, судијата за извршување од Болу го отфрлил правниот лек. Тој сметал дека праксата на затворските власти била во согласност со постапката и со законот. Во својата одлука, тој истакнал дека правилникот за телефонските разговори на осудените и притворените во казнените домови и затворите со нивните најблиски кои се наоѓале надвор од установите бил укинат на 17 февруари 2007 г. Тој истакнал дека овој правилник не содржел ниту една одредба во врска со третирањето на барање за телефонски разговор на друг јазик освен турскиот. Тој објаснил дека законот бр. 5275 стапил на сила и дека членот 88 од Правилникот установувал нови принципи,кои требало да се земат во предвид. Тој ги навел сите услови наведени во таа одредба во однос на контролата на телефонските разговори во затворите, вклучително прописот според кој телефонските разговори требало да се водат на турски јазик, освен во случаите каде што осудениот или неговиот соговорник или двајцата не го разбирале тој јазик. Тој појаснил дека, во такви случаи, правилникот барал затвореникот да наведе на образецот за телефонски разговори дека неговите блиски не разбирале турски јазик. Тој додал дека, кога затворските власти сметале дека е потребно, проверка - спроведена на трошок на осудениот - на веродостојноста на информациите можела да биде извршена, по што на затвореникот можело да му биде дозволено да зборува на курдски јазик. Тој појаснил, освен тоа, дека секој затвореник бил обврзан да го започне телефонскиот разговор со изговарање на неговото име и презиме, а потоа да побара од соговорникот тој да го наведе своето име, презиме и телефонскиот број. За судијата, оваа обврска подразбирала дека, освен во одредени ситуации, телефонските разговори требало да се водат на турски јазик.
20. На 20 јуни 2008 година, жалителот поднел приговор против оваа одлука.
21. На 4 јули 2008 година, Кривичниот суд од Болу го отфрлил приговоорт поднесен од страна на жалителот, оценувајќи дека праксата на затворските власта и одлуката на судијата за извршување не биле во спротивност ниту со постапката ниту со законот.
(...)
ПРАВОТО
29. Со оглед на сличноста на жалбите во однос на фактите и жалбените наводи, Судот одлучил да ги обедини и да ги испита заедно во една пресуда.
I. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
30. Жалителите се жалеле на повреда на правото на почитување на нивната кореспонденција и/или на нивниот приватен и семеен живот поради праксата на затворската управа која се состоела во тоа да ги ограничува нивните телефонски разговори на курдски јазик.
Тие се повикувале во оваа смисла на членот 8 од Конвенцијата, кој во своите релевантни делови за овој случај гласел вака:
„1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот (...) и преписката.
2. Нема да постои никаво мешање од страна на јавната власт при остварувањето на ова право, освен во согласност со законот и доколку é тоа неопходно во едно демократско општество за заштита на националната безбедност, јавната сигурност (...), за спречување на немири или извршување на кривично дело (...)“
31. Владата се противи на овој аргумент.
(...)
Б. За основаноста
1. За постоењето на мешање
35. Судот потсетува најпрво дека секое притворање што е во согласност со членот 5 од Конвенцијата повлекува по својата природа ограничување на приватниот и семејниот живот на притвореникот. Тој повторува сепак дека е „од суштинско значење за почитувањето на семејниот живот“ администрацијата да му помогне на притворениот да одржува контакт со своите блиски (Messina с. Italie (бр. 2), бр. 25498/94, § 61, CEDH 2000‑X, и Aliev c. Ukraine, бр. 41220/98, § 187, 29 април 2003 г.). Тој се согласува во исто време дека одредена контрола на контактите на затворениците со надворешниот свет се препорачува и не е во спротивност со Конвенцијата (Aliev, погоре наведена, idem.).
36. Тој потоа се потсетува дека, во однос на пристапот до телефонот, не може да се толкува членот 8 од Конвенцијата како гаранција за затворениците на правото на телефонски повици, особено кога можностите за поштенска комуникација се достапни и соодветни (A.B. c. Pays-Bas, бр. 37328/97, § 92, 29 јануари 2002, и Ciszewski c. Pologne (одл.), бр. 38668/97, 6 јануари 2004). Во овој случај, сепак, во онаа мера во која домашното законодавство им го признава правото на затворениците да имаат телефонски разговори со своите роднини од телефоните кои се под контрола на затворската администрација, Судот смета дека ограничувањето кое било наметнато на телефонските разговори на жалителите со членовите на нивното семејство, под образложение дека тие сакале да ги водат овие разговори на курдски јазик може да се смета како мешање во остварувањето на нивното право на почитување на семејниот живот и на нивната кореспонденција во рамките на значењето на членот 8 § 1 од Конвенцијата (видете, за сличен пристап, Baybaşın c. Pays-Bas (одл.), бр. 13600/02, 6 октомври 2005)
2.За оправданоста на мешањето
37. Ваквото мешање е спротивно на членот 8 освен ако, „пропишано со закон“, тоа има една или повеќе легитимни цели според став 2 и, освен тоа, е „неопходно во едно демократско општество“ за остварување на истите.
а) Пропишано со закон
38. Судот се повикува на својата судска пракса според која зборовите „пропишано со закон“ не само што бараат оспорената мерка да има основа во домашното право, но, исто така, се однесуваат на квалитетот на законот за кој станува збор: така., тој треба да биде достапен на страните во постапката и предвидлив во своите правни дејства (видете, меѓу другото, Rotaru c. Roumanie [ГС], бр. 28341/95, § 52, ЕСЧП 2000‑V). Тој, исто така, потсетува дека домашните органи, особено судовите, се должни да го толкуваат и применуваат домашното право (Kopp c. Suisse, 25 март 1998, § 59, Recueil des arrêts et décisions 1998-II, и Kruslin c. France, 24 април 1990, § 29, серија A бр. 176-A).
39. Во овој случај, Судот забележува дека спорното мешање се заснова во домашното право на членот 88 од Правилникот за извршување на санкциите и превентивните мерки, кои биле во сила во релевантниот период (.. .) Овој член во тоа време предвидувал дека телефонските разговори требало во принцип да се водат на турски, освен доколку може да се даде поинакво овластување во случаите и на начин утврдени во оваа одредба.
40. Покрај тоа, Судот нема причина да се сомнева во достапноста на овој правилник, кој бил објавен во Службениот весник. Таа, од друга страна, смета дека не е корисно да се произнесе за предвидливоста на одредбите од правилникот во прашање во однос на неговите заклучоци за неопходноста на мешањето во прашање (видете ставови 49-62 подолу).
б) Легитимна цел
41. Следствено на анализата на Владата во однос на пресудите Kepeneklioğlu c. Turquie (бр. 73520/01, 23 јануари 2007) и Silver et autres c. Royaume-Uni (25 март 1983 година, Серија А бр 61) Судот ја признава легитимноста на контролата на коресдпонденцијата на затворениците во одредени околности, заради одржување на редот во затворите. Владата е на мислење дека, во овој случај, контролата на телефонските разговори од страна на затворската администрација имала за цел заштита на безбедноста и спречување на нереди и криминал.
42. Судот потсетува дека кога, како во овој случај, затворските власти овозможуваат пристап до телефонот, овој пристап може, имајќи ги предвид вообичаените и разумни услови за живот во затворот, да биде предмет на законски ограничувања, со оглед, на пример, на нужноста да се подели користењето на телефонот со другите затвореници и на барањата врзани за спречувањето на нереди и на кривични дела (A.B. c. Pays-Bas, претходно наведена, § 93, и Coşcodar c.. Roumanie (одл.), бр. 36020/06, § 30, 9 март 2010). Во овој случај, тој смета дека мешањето во прашање имало легитимна цел, имено одржување на редот и спречувањето на кривични дела.
в) Неопходноста на меѓањето
i. Аргументите на Владата
43. Владата ги отфрла наводите на жалителите. Таа верува дека спорното вмешување било неопходно и пропорционално. Во оваа смисла, таа истакнува дека жалителите се членови на терористичката организација ПКК и дека веќе го користеле турскиот за да телефонираат на нивните семејства пред да побараат да ги водат овие разговори на курдски јазик. Во оваа смисла, таа појаснува дека курдскиот јазик има различни дијалекти и дека, во времето кога биле пондесени барањата во прашање, ниту еден член од затворскиот персонал не го разбирал курдскиот јазик. Според Владата, администрацијата ги побарала, потпирајќи се на членот 88/2 м) од правилникот кој бил во сила во релевантниот период, имињата и адресите на лицата со кои жалителите сакале да зборуваат за да се информираат за нив. Повторно според Владата, притворените лица кои немале лоши намери ги обезбедувале овие информации, и откако проверката била направена, оние од нив кои не разбирале турски добивале дозвола да зборуваат на курдски јазик. Меѓутоа, според Владата, некои жалители со лоши намери побарале дозвола да зборуваат на курдски јазик, без да ги обезбедат потребните информации. Притоа, според Владата, тие оневозможиле каква и да е проверка во однос на нивните соговорници. Покрај тоа, според Владата, родителите на некои жалители не биле пронајдени на наведените адреси. Соодветно на тоа, заинтересираните страни не ги исполниле обврските што им овозможувале да водат телефонски разговори на друг јазик освен турскиот. Покрај тоа, жалителите биле подложени на истото законодавство како и сите други затвореници, па така тие не претрпеле дискриминација во овој поглед.
44. Конечно, Владата го информира Судот дека членот 88/2 стр) од Регулативата бил предмет на амандман со кој отсега ќе се избегне какво и да е одложување на обработката на барањата на затворениците за телефонски да разговараат на курдски јазик со нивните блиски.
ii. Аргументи на жалителите
45. Г-дин Каја ја критикува праксата на затворската администрација, која, според него, е произволна, навредлива и нехумана како за него така и за неговото семејство.
46. Г-дин Герез ги отфрла тврдењата на Владата. Тој тврди дека бил спречен да зборува по телефон со неговите родители на курдски јазик - од мај 2006 година, со стапувањето во сила на правилникот, се до 2009 година - иако таа можност му била дадена во минатото. Тој тврди дека во врска со ова дека неговите телефонски разговори биле прекинати или попречени, според него без причина. Тој, исто така, тврди дека побарал дозвола да зборува курдски по телефон со неговите родители, но бил известен дека тие не биле најдени на адресата што и ја дал на администрацијата, така што не можело да се утврди дали го зборуваат турскиот јазик или не, поради што, според него, не му било дозволено да зборува на курдски јазик со нив. Конечно, тој ја критикува политиката на владата која, според него, има за цел да ја забрани употребата на било кој друг јазик освен турскиот.
47. Г-дин Бозцали тврди дека не е неопходно, во едно демократско општество, да го спречуваат да се изразува на мајчин јазик. Тој додава дека затворската управа ги има сите потребни средства за да ги контролира и преведе неговите разговори, но тоа не го прави, според него, со цел да го спречи да зборува на курдски јазик со семејството и посетители и така да комуницира со нив.
48. Господата Јуртсевер и Озен тврдат од нивна страна дека нивната кривична пресуда не може да им го одземе уживањето на правата и дека тие имаат право на слобода на кореспонденција. Тие сметаат дека, оттука, какво и да е попречување на тоа право мора да биде оправдано и дека секое мешање во нивното право на кореспонденција е арбитрарно ако тоа не е врз основа на законска одредба, објавена и достапна. Тие се согласуваат дека мерки со цел контрола на кореспонденцијата на затворениците со надворешниот свет се потребни за зачувување на безбедноста во затворите и спречување на криминалот. Меѓутоа, тие сметаат дека остварувањето на овие цели, кое во нивните очи е легитимно, требало да биде пропорционално, а да не да ги оправда ограничувањата на врските кои тие сакале да ги одржуваат со нивните семејства и со надворешниот свет на друг јазик освен турскиот. Тие исто така сметаат дека забраната на комуникација со надворешниот свет на курдски јазик не може да се оправда само врз основа на недостигот од персонал. Тие истакнуваат дека домашните органи не го истражувале тоа дали нивните телефонски разговори, по својата содржина, содржеле што и да е незаконско или дали биле од таков вид за да го загрозат одржувањето на безбедноста во затворот. Тие ги обвинуваат властите надржавата дека претпоставиле дека, штом се воделе на курдски јазик, нивните телефонски разговори наводно имале нелегална содржина. Тие во однос на ова ја критикуваат автоматската и неправичната примена на забраната во прашање. Тие тврдат дека мерката е во прашање не била ниту пропорционална ниту неопходна во едно демократско општество. Во очите на жалителите, забраната да зборуваат на јазик на малцинствата не е компатибилна со вистинска демократија, со тоа што почитувањето на културната, етничката и верската разновидност, според нив, претставува темелна вредност на демократските општества. Засегнатите велат дека се дел од етничко малцинство што не е признато од страна на Владата, но чие постоење, во меѓународното право, не зависи од тоа признавање. Тие сметаат дека владата, во најмала рака, има обврска да не ги спречува да ги уживаат својот идентитет, јазик и култура. Тие се повикуваат на Европските затворски прописи наведни од страна на Советот на Европа, повикувајќи се особено на прописот 38. Тој предвидува дека треба да се направат посебни прилагодувања за потребите на затворениците кои припаѓаат на етничките или јазичните малцинства, дека, секаде каде што е можно, културните практики на различните групи треба да можат да продолжат да се остваруваат во затвор, како и дека јазичните потреби треба да бидат покриени со помош на стручни преведувачи и со доставување на информативни брошури изготвени на различните јазици кои се зборуваат во секој од затворите. Конечно, за жалителите, јасно произлегува од препораките од Осло за јазичните права на националните малцинства и од членот 51 од Стандардните минимални правила за постапување со затвореници усвоени под покровителство на Обединетите нации дека државата треба да ги преземе потребните чекори за да ги задоволат нивните специфични потреби. Нема, во нивната ситуација, итни социјални потреби кои би можеле да го оправдаат ограничувањето во прашање.
iii. Оценка на Судот
49. На самиот почеток, Судот смета дека е корисно да се нагласи дека можноста за притвореното лице да комуницира устно на својот мајчин јазик, преку телефонски разговори, секако е посебен аспект на неговото право на почитување на неговата коресподенција, но особено на неговото право на почитување на семејниот живот, според членот 8 § 1 од Конвенцијата,.
50. Понатаму, Судот повторува дека мерка која претставува мешање во правата гарантирани со членот 8 § 1 од Конвенцијата може да се смета за „неопходна во едно демократско општество“ доколку таа била донесена за да одговори на императивна општествена потреба и доколку употребените средства биле пропорционални со саканите цели (видете, меѓу другото, Campbell c. Royaume-Uni, 25 март 1992, § 44, серија A бр. 233). За да се утврди дали мешањето е неопходно во едно демократско општество, може да се земе предвид просторот за слободна проценка надржавата (ibidem).
51. Во овој поглед, доколку националните власти се должни да направат првична проценка за неопходноста на мешањето, Судот е оној кој треба да одлучи за тоа дали причините за мешање биле релевантни и доволни за да ги задоволат барањата на Конвенцијата (Szuluk c. Royaume-Uni, бр. 36936/05, § 45, ЕСЧП 2009).
52. Судот, од друга страна, нагласува дека при испитувањето на тоа дали мешањето во вршењето на правото на затвореник на почитување на неговата кореспонденција било „неопходно“ за остварување на една од целите наведени во членот 8 § 2 од Конвенцијата, треба да се имаат во предвид вообичаените и разумните барања на затворот: одредена контрола врз коресподенција на затворениците се препорачува и сама по себе не е во спротивност со Конвенцијата (видете, меѓу другото, Silver et autres, претходно наведена, § 98, Kwiek c. Pologne, бр. 51895/99, § 39, 30 мај 2006, и Ostrovar c. Moldova, бр. 35207/03, § 105, 13 септември 2005).
53. Судот конечно потсетува дека претходно веќе кажал, во многу наврати, дека со исклучок на одредени специфични права утврдени во членовите 5 § 2 (право на едно лице да биде информирано во најкратко време и на јазик којшто го разбира, за причините за неговото апсење) и 6 § 3 a) и д) (право на еднo лице да биде информирано, во најкусо време, за природата и причините на обвинението против него, и правото да биде помогнато од преведувач доколку не го разбира или не го зборува јазикот кој се користи на рочиштето), јазичната слобода не е наведена, како таква, во работите уредени со Конвенцијата (Kozlovs c. Lettonie (одл.), бр. 50835/99, 10 јануари 2002, и Kemal Taşkın et autres c. Turquie, бр. 30206/04, 37038/04, 43681/04, 45376/04, 12881/05, 28697/05, 32797/05 и 45609/05, § 56, 2 февруари 2010).
54. Во овој случај, тој смета дека е кориснo повторно да се потенцира дека спорното прашање нема врска со слободата на јазик на жалителите како таква, туку со нивното право да одржуваат вистински контакт со нивните семејства. Затоа тој е должен да ги испита условите на кои телефонските разговори на жалителите биле подложени, според правилникот кој бил во сила во релевантниот период, за да може да ја оцени нивната компатибилност со барањата од вториот став од членот 8 од Конвенцијата.
55. Во оваа смисла, Судот потсетува дека веќе го привлекол вниманието на националните власти за важноста на препораките изнесени во контекст на Европските затворски правила 2006 (Препорака REC (2006) 2) (...), дури и тие да не се обврзувачки за земјите-членки (видете, меѓу другото, Sławomir Musiał c.c. Pologne, бр. 28300/06, § 96, 20 јануари 2009 г.). Тој потврдува во таа смисла дека од суштинско значење е администрацијата да им помага на затворениците да одржуваат контакт со нивните потесни семејства.
56. Во овој случај,тој забележува уште на почетокот дека домашното право ја признавало можноста за затворениците да одржуваат контакт со надворешниот свет преку телефонски разговори. Овие разговори можеле, сепак, од безбедносни причини, да бидат предмет на контрола на затворската управа и, за целите на соодветна контрола, затворениците во принцип требало да зборуваат само на турски јазик за време на нивните телефонски разговори.
57. Секако, домашното право обезбедувало прилагодување на тој принцип и не содржело ниту една одредба за забрана на употребата на друг јазик освен турскиот од страна на затворениците за време на нивниот телефонски разговори со роднините. Членот 88/2 п) од правилникот меѓутоа ја подредувал оваа можност на некои формални барања. Тој ја предвидувал меѓудругото можноста за затворската администрација да потврди дека лицето со кое затворениците сакале да разговараат на друг јазик, навистина не го разбира турскиот јазик.
58. Покрај тоа, од тогаш важечките прописи (...) и од одлуките на националните тела произлегува (ставови 13 и 19 погоре) дека, кога затворската администрација одлучувала да направи проверка на информациите наведени во формуларите за барање на телефонски разговор, трошоците на оваа проверка биле на товар на засегнатите затвореници.
59. Секако, Судот веќе уважил дека специјални безбедносни причини - како што се спречување на ризикот од бегство - можеле да ја оправдаат примената на специфичен режим на затвор и на забраната за затвореник да комуницира со своето семејство на јазикот што самиот го избрал во случај кога не било утврдено дека тој не владеел друг јазик на кој му било дозволено да се изразува(Baybaşıбр., одлука претходно наведена). Сепак, тој забележува дека, во околностите на случајот, правилата во прашање се применувале генерално и неселективно за сите затвореници, независно од каква и да е поединечна оценка на безбедносните барања врзани за секој од нив засебно или за кривичните дела за кои биле обвинети.Тој, исто така смета дека националните тела знаеле, кога ги проценувале барањата на жалителите да можат да телефонираат на курдски, дека овој јазик бил меѓу оние кои се говорат во Турција - за разлика од ситуацијата во прашање во случајот Baybaşın – и бил користен од страна на некои затвореници во рамките на односите со нивните семејства И покрај тоа, се чини дека тие не предвиделе користење на систем за преведување. Судот меѓутоа потсетува дека веќе навел дека од суштинско значење за почитувањето на семејниот живот е затворската управа да му помогне на затвореникот да одржува вистински контакт со неговото семејство (видете, меѓу другото, Baybaşın, одл. претходно наведена, и Van der Ven c. Pays-Bas, бр. 50901/99, § 68, ЕСЧП 2003‑II). Во овој поглед, тој истакнува дека во овој случај ништо не овозможува да се оспори тврдењето на жалителите дека курдскиот бил јазикот што тие го користеле во нивните семејни комуникации, ниту пак дека тоа било единствениот јазик што нивните блиски го разбирале, околност што Судот ја смета за важна во овој случај.
60. Така Судот смета дека, имајќи ги предвид елементите од предметот и информациите со кои располага, дека праксата која се состои во тоа да им се наметне на жалителите кои сакале да зборуваат на курдски јазик по телефон со членовите на нивното семејство претходна постапка која имала за цел да се провери дали тие навистина биле неспособни да зборуваат турски, не се засновала на релевантни и доволни причини за ограничувањето кое од тоа произлегло за жалителите што се однесува на нивната комуникација со блиските.
61. Заради тоа, Судот смета дека мешањето во правото на жалителите да разговараат по телефон на курдски јазик со нивните блиски не можело да се смета за неопходно. Промената во текстот на членот 88/2 п) од Правилникот (...), на која се повикува Владата (став 44 погоре) и која ги модифицира условите на кои се подложуваат барањата за овластување на телефонски разговори на друг јазик освен турскиот, со сигурност го поткрепува овој заклучок. Всушност, според овој член, онака како што е изменет, едноставна изјава дека барателот или неговите блиски не разбираат турски отсега се чини доволна.
62. Со оглед на горе наведеното, Судот заклучува дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата.
(...)
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучи, едногласно, да ги обедини жалбите;
(...)
3. Одлучи, со пет гласови против два, дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата;
(...)
Изработено на француски и доставено на писмено на 22 април 2014 година, согласно членот 77 став 2 и 3 од деловникот.
Стенли Нејсмит Гвидо Рајмонди
СекретарПретседател
Кон оваа пресуда прикачено е, согласно членот 45 став 2 од Конвенцијата и членот 74 став 2 од деловникот, експозето на издвоеното мислење на судиите Рејмонди и Каракас.
Г.Р.А
С.Х.Н
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy