ПРВ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ ОГРАЖДЕН АД И ДРУГИ ПРОТИВ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
(Апликации бр. 35630/04, 53442/07 и 42580/09)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
29 мај 2012
Оваа пресуда ќе стане конечна во согласност со условите предвидени во членот 44 став 2 од Конвенцијата.
Истата може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Огражден АД и други против Република Македонија,
Европскиот суд за човекови права (Прв оддел) заседавајќи во судски совет во состав :
Nina Vajić, претседател,
Peer Lorenzen,
Khanlar Hajiyev,
Mirjana Lazarova Trajkovska,
Julia Laffranque,
Linos-Alexandre Sicilianos,
Erik Møse, судии,
и André Wampach, заменик секретар на одделот,
Расправајќи на затворена седница на 10 мај 2012 година,
Ја донесе следната пресуда која беше усвоена истиот ден:
ПОСТАПКА
Случајот беше поведен со три апликации (бр. 35630/04, 53442/07 и 42580/09) против Република Македонија поднесени до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на Огражден АД. („првиот жалител“), г-ѓица Цветанка Милчевска („втор жалител“) и г-ѓица Елена Давидовска („трет жалител“) на 16 септември 2004 година, 23 ноември 2007 година и 18 јули 2009 година соодветно. Првиот жалител е компанија во односната Држава и вториот и третиот жалител се македонски државјани. Вториот и третиот жалител се родени 1940 година и 1968 година и живеат во Велес и Скопје.
2. Вториот жалител беше застапуван од „Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Македонија“ и третиот жалител од страна на г-ѓа М.Јовановска, адвокат од Скопје. Македонската влада („Владата“) беше застапувана од нејзиниот поранешен агент, г-ѓа Р.Лазареска Геровска, која беше заменета од нејзиниот сегашен агент, г-дин К.Богданов.
3. На 10 јуни 2009 година во однос на првиот жалител и на 10 ноември 2010 година во однос на вториот и третиот жалител, апликациите беa комуницирани до Владата. Исто така беше одлучено да донесе истовремено одлука по однос на допуштеноста и основаноста на апликациите (Член 29 став 1).
4. На 1 февруари 2011 година, Судот го измени составот на своите оддели (член 25 став 1) и предметот беше доделен на новосоставениот Прв оддел (член 52 став 1).
ФАКТИТЕ
А. Во однос на првиот жалител
1.Извршна постапка
5. На 16 јули 1999 година Основниот суд во Струмица му наредил на одреден г-дин И.А. да плати долг утврден во корист на првиот жалител. На 22 март 2010 година првостепениот суд ја запрел извршната постапка бидејќи должникот починал. Жалителот не се жалел на оваа одлука.
2. Должина на постапката пред Врховниот суд
6. Во меѓувреме, на 30 април 2009 година, првиот жалител повел барање за повреда на разумен рок до Врховниот суд. На 3 јули 2009 година судот утврдил дека извршната постапка во тој момент била веќе десет години пред првостепениот суд и се уште не била завршила. Судот утврдил дека имало повреда на правото на жалителот на судење во разумен рок. Тој утврдил шестмесечен рок за првостепениот суд да ја заврши извршната постапка и му досудил на првиот жалител износ на име правична оштета еднаков на 325 евра (ЕУР). Во отсуство на жалба, оваа одлука станала правосилна на 22 октомври 2009 година.
Б. Во однос на вториот жалител
Управна постапка за инвалидска пензија
7. На 30 септември 1998 година вториот жалител побарал од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување („Фондот“) да му признае право на инвалидска пензија. После неколку враќања од страна на владината Комисија за жалби и Врховниот и Управниот суд, на 25 ноември 2009 година Фондот го прифатил барањето на жалителот и му го признал правото на инвалидска пензија.
2. Должина на постапката пред Врховниот суд
8. Во меѓувреме, на 27 јануари 2009 година втората жалителка поднела жалба до Врховниот суд дека управната постапка траела премногу долго и побарала надомест. На 23 март 2010 година Врховниот суд утврдил дека спорната постапка, во тоа време, траела веќе преку десет години и поради тоа и досудила правичен надоместок еднаков на ЕУР 410. На 31 мај 2010 година второстепениот оддел на Врховниот суд ја прифатил жалбата на жалителот и и бил досуден повисок надоместок, еквивалентно на ЕУР 980. Овој износ бил исплатен на 15 септември 2010 година.
В. За третиот жалител
1. Постапка по работен спор во врска со отпуштањето на третиот жалител
9. На 12 април 2001 година третата жалителка побарала поништување на нејзиното отпуштање. На 18 септември 2007 година Апелациониот суд во Скопје ја укинал одлуката на понискиот суд и го одбил нејзиното барање. На 22 јануари 2009 година Врховниот суд го одбил барањето на третата жалителка во постапката по ревизија.
2. Должина на постапката пред Врховниот суд
10. Во меѓувреме, на 8 јули 2009 година третата жалителка поднела жалба до Врховниот суд за должината на постапката по работниот спор. На 29 септември 2009 година Врховниот суд го отфрлил нејзиното барање како поднесено по законскиот рок од шест месеци, кои во нејзиниот случај, започнал од 18 септември 2007 година. Второстепениот оддел на Врховниот суд ја потврдил таа одлука.
ПРАВОТО
СПОЈУВАЊЕ НА АПЛИКАЦИИТЕ
11. Судот забележува дека сите жалители се жалеле за невообичаената должина на спорните постапки. Имајќи ја предвид сличноста на нивните главни барања, Судот смета, согласно членот 42 став 1 од Деловникот на Судот, дека жалбите треба да бидат споени.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА БАРАЊЕТО ЗА „РАЗУМЕН РОК“ OD ЧЛЕНОТ 6 СТАВ 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
12. Жалителите се пожалија дека должината на постапките била некомпатибилна со барањето за „разумен рок“, утврдено во членот 6 став 1 од Конвенцијата, кое го предвидува следното:
„Секој, при определувањето на неговите граѓански права и обврски....има право на ....судење во разумен рок пред....трибунал...“
А. ДОПУШТЕНОСТ
Поднесоци на странките
13. Во однос на првиот и вториот жалител, Владата се изјасни дека одлуките на Врховниот суд донесени за должина на постапките (види параграфи 6 и 8 погоре) го отстраниле статусот на жртва на жалителките согласно членот 34 од Конвенцијата. Понатаму, пропустот на жалителката да поднесе жалба наведува на тоа дека таа се согласила со одлуката донесена во прв степен. Во однос на третата жалителка, тие наведоа дека таа пропуштила да ги искористи сите домашни правни лекови бидејќи не го искористила правниот лек за должина на постапката во согласност со формалните барања утврдени во домашниот закон.
14. Жалителките ги оспорија наводите на Владата. Првиот и вториот жалител понатаму тврдеа дека износот на надоместокот што им е досуден не е доволен да ја надомести ситуацијата за која се пожалија пред Судот.
2. Оценка на Судот
15. Судот забележа дека во овој случај статусот на жртва на жалителите согласно значењето на Конвенцијата зависи од тоа дали правниот лек кој им е достапен на домашно ниво бил соодветен и доволен земајќи го предвид членот 41 од Конвенцијата. Ова прашање останува да биде утврдено во светло на принципите утврдени со судската пракса на судот (види Cocchiarella v. Italy [GC], бр. 64886/01, параграфи 69-98 и Arvanitaki-Roboti and Others v. Greece [GC], бр. 27278/03, параграф 29, 15 февруари 2008).
16. Судот забележа дека Врховниот суд, откако утврдил дека имало повреда на барањето за „разумен рок“ во извршните и управните постапки за кои биле поднесени жалби (види параграфи 5 и 7), му досудил, како правичен надоместок, на првиот жалител износ еквивалентен на ЕУР 325 и на вториот износ еквивалентен на ЕУР 980. Овие износи се очигледно неразумни земајќи предвид тоа што Судот би досудил согласно членот 41 од Конвенцијата. Затоа не може да се смета за соодветно во околностите на случајот (види ги принципите утврдени со судската пракса на Судот во Cocchiarella v. Italy [GC], бр. 64886/01, параграфи 65-107, ECHR 2006-V; види исто Parlov-Tkalčić v. Croatia, бр. 24810/06, § 62, 22 December 2009) и води до заклучок дека надоместокот доделен на домашно ниво бил недоволен (види Kaić and Others v. Croatia, бр. 22014/04, параграф 20, 17 јули 2008).
17. Владата понатаму го поврза прашањето за статусот на жртва на првиот жалител со прашањето за искористување на домашните правни лекови. Исто така, тие експлицитно истакнаа неискористување во однос на третата жалителка. Во однос на тоа Судот потсетува дека криериумот за искористување во однос на правниот лек за должина на поостапката утврден со Законот за судовите од 2008 година се однесува на апликации кои датираат по одлуката за недопуштеност во предметот Аџи-Спиркоска и други. Тој критериум не се однесува на предметите кои веќе се во тек пред Судот освен ако спорните постапки се уште траат и жалителите може да го користат правниот лек за должина на постапката пред Врховниот суд. Судот потврди дека за предметите за должина на постапката што се водат пред него каде жалителите го искористиле правниот лек за должина, како првиот и третиот жалител, секое постапување на Врховниот суд ќе се оценува низ призмата дали жалителите може се уште да се сметаат за жртви во смисла на членот 34 од Конвенцијата (види Аџи-Спиркоска и други против Република Македонија (дек.), бр. 38914/05 и 17879/05, 3 ноември 2011). Следствено на тоа што првиот жалител не поднел жалба на одлуката на првостепениот совет на Врховниот суд и правниот лек на третиот жалител бил отфрлен врз процесни основи, немале влијание на нивниот статус на жртва во смисла на наводната повреда за која се жалеа пред Судот. Жалителите така можaт се уште да тврдат дека се „жртви“ заради повреда на нивното право на судење во разумен рок. Следствено, приговорите на Владата мора да бидат отфрлени.
18. Судот понатаму утврдува дека оваа жалба не е неоснована во смисла на членот 35 став 3 точка а од Конвенцијата. Исто така, забележува дека не е недопуштена по кој било друг основ. Затоа истата мора да биде прогласена за допуштена.
Б. Основи
Поднесоци на странките
19. Жалителите повторија дека спорните постапки биле несоодветно оддолговлекувани.
20. Владата не коментираше за основаноста на апликацијата на првиот жалител. Што се однесува до втората и третата жалителка, тие прифатија дека спорните постапки траеле неразумно долго.
2. Оценка на Судот
21. Судот повторува дека разумноста на должината на постапката мора да биде оценета во светло на околностите на случајот и земајќи ги предвид следните критериуми: сложеноста на случајот, однесувањето на жалителите и релевантните надлежни органи и она што беше предмет на жалба за жалителите во спорот (види Frydlender v. France [GC], no. 30979/96, параграф 43, ECHR 2000-VII).
22. Судот ги зема во предвид наводите на Врховниот суд и ставот на Владата дека спорните постапки биле предолги и не биле согласно барањето за „разумен рок“ и смета дека нема причина да одлучи поинаку бидејќи често утврдувал повреда на членот 6 став 1 од Конвенцијата во случаи слични на овој (види Паком Слободан ДООЕЛ против Република Македонија, no. 33262/03, параграф 23, 21 јануари 2010; Доцевски против Република Македонаија, бр. 66907/01, параграф 28, 1 март 2007 и Маркоски против Република Македонија, бр. 22928/03, параграф 31, 2 ноември 2006). Што се однесува до првиот жалител, постапката во основа го добила тој карактер низ перидот што следел кој не бил предмет на разгледување од страна на Врховниот суд.
23. Во светло на горенаведеното, Судот смета дека имало повреда на членот 6 став 1 од Конвенцијата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
24. Втората жалителка понатаму се жалеше на непостоење на ефективен правен лек за предолгото траење на постапката. Таа се повика на членот 13 од Конвенцијата, кој го предвидува следното:
„Секој, чии права и слободи определени во Конвенцијата се повредени ќе има ефективен правен лек пред домашните органи, без оглед на тоа што повредата била сторена од лица кои вршеле службена должност.“
А. ДОПУШТЕНОСТ
25.Владата не поднесе приговор во однос на допуштеноста на оваа жалба.
26. Судот смета дека оваа жалба не е неоснована во смисла на членот 35 став 3 точка а од Конвенцијата. Други основи за прогласување на истата за недопуштена не се утврдени. Затоа истата мора да биде прогласена за допуштена.
Б. Основи
27. Владата потврди дека правниот лек за должина на постапката пред Врховниот суд треба да се смета за ефективен заради причините детално наведени во случајот Аџи-Спиркоска и други (види Аџи-Спиркоска и други (дек.), цитиран погоре).
28. Вториот жалител не даде коментар.
29. Судот потсетува дека пред извршените подобрувања, забележани во случајот Аџи-Спиркоска и други, не го прифаќаше правниот лек за должина како ефективен. Следствено, не гледа причина да се отстапи од претходната судска пракса каде утврди повреда на членот 13, во согласност со членот 6, поради недостиг на ефективен правен лек за случаите на должина кои датираат пред случајот Аџи-Спиркоска и други (види Крсто Николов против Република Македонија, бр. 13904/02, параграфи 29-33, 23 октомври 2008).
30. Со оглед на наведеното, Судот заклучува дека имало повреда на членот 13, во согласност со членот 6 од Конвенцијата.
III. ДРУГИ НАВОДНИ ПОВРЕДИ НА КОНВЕНЦИЈАТА
31. На крајот, третата жалителка се жалеше согласно членот 6 од Конвенцијата дека домашните судови погрешиле во фактите и правото.
32. Судот ја испита оваа жалба. Меѓутоа, во светло на целиот материјал кој го има и се додека прашањето за кое се жали потпаѓа под негова надлежност, Судот утврдува дека не откри каква било повреда на правата и слободите утврдени со Конвенцијата и нејзините Протоколи.
33. Следува дека оваа жалба е неосновна и мора да биде одбиена во согласност со членот 35 став 3 точка а и став 4 од Конвенцијата.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
34. Членот 41 од Ковенцијата предвидува:
„Кога Судот ќе оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на протоколите, и доколку внатрешното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумна репарација на штетата, тогаш доколку е тоа неопходно, Судот ќе му додели правична отштета на оштетениот.“
А. Штета
35. Првиот жалител барање надомест од ЕУР 3,520 за материјалната штета. Овој износ се однесува на долгот од пресудата заедно со каматата што беше предмет на извршување во спорната постапка. Тој не побара нематеријална штета.
36. Втората жалителка побара ЕУР 2,500 за материјалната штета за медицинските трошоци поврзани со нејзиното слабо здравје. Таа понатаму побара ЕУР 4,000 за нематеријална штета за емотивното страдање заради „недостиг на средства за живеење.“
37. Третата жалителка побара ЕУР 2,000 за нематеријалната штета претрпена заради невообичаената должина на постапката.
38. Владата ги оспори овие барања како неосновани. Тие исто така наведоа дека немало каузална врска меѓу истакнатата материјална штета и наводната повреда.
39. Судот не утврди некоја каузална врска меѓу утврдената повреда и материјалната штета истакната од првиот и вториот жалител; затоа мора да го одбие ова барање. Од друга страна, и досуди на втората жалителка ЕУР 3,700 и на третата жалителка ЕУР 1,700 за надомест на нематеријалната штета, плус било кој издаток кој може да биде наплатен. Во отсуство на друго такво барање, Судот не му досудува надоместок по овој основ на првиот жалител.
Б. Трошоци и издатоци
40. Во однос на трошоците и издатоците во постапката пред Судот, првиот жалител побара ЕУР 80 за трошоците за испраќање и превод. Како доказ достави копија од сметките за плаќање. Втората жалителка под овој наслов побара ЕУР 2,620 кои го вклучуваат надоместокот за адвокатот за 106 часа правна работа и трошоци за испраќање и копирање. Беше доставен трошковник изготвен врз основа на трошковниците на Адвокатската комора. Не беше доставена сметка или друг доказен документ за трошоците за испраќање и копирање. Третиот жалител бараше ЕУР 300 под овој наслов. Таа не достави ниеден доказен документ. Конечно, таа бараше ЕУР 1,500 за трошоците и издатоците во постапката по работниот спор (види параграф 9 погоре).
41. Владата тврдеше дека трошоците и издатоците наведени од жалителите биле или непотребни или превисоки.
42. Според судската пракса на Судот, жалителот има право на надомест на трошоците и издатоците само ако се покаже дека истите биле реални и потребни и се разумни во нивниот износ (види Ѓозев против Република Македонија, бр. 14260/03, параграф 63, 19 јуни 2008). Во овој случај, со оглед на расположливите документи и горниот критериум, Судот смета дека сумата побарана од првиот жалител во однос на трошоците и издатоцијте во постапката пред него треба да бидат досудени во целост, плус било кој издаток што може да биде наплатен. Тој понатаму утврди дека износот побаран од втората жалителка под оваа глава е прекумерен и во дел неоснован и затоа досудува сума од ЕУР 1,000 плус, кој било издадот кој може да биде наплатен (види Спасовски против Република Македонија, бр. 45150/05, параграф 45, 10 јуни 2010). Конечно, се одбива барањето на третата жалителка под овој наслов бидејќи таа не достави никаков документ или детал како доказ. Исто така, тој не досудува надоместок во однос на нејзиното барање за трошоците и издатоците кои се појавиле во домашната постапка бидејќи тие не се појавиле во барањето за превенција и правниот лек преку домашниот правен поредок за наводната повреда за која се пожали пред Судот (види Милошевиќ против Република Македонија, бр. 15056/02, параграф 34, 20 април 2006).
Ц. Казнена камата
43. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се пресмета согласно најниската каматна стапка за позајмени средства на Европската централна банка, на што треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
Одлучува да ги спои апликациите;
2. Ги прогласува жалбата за должина во сите апликации и жалбата за членот 13 во однос на втората жалителка за допуштени и остатокот на апликациите за недопуштени;
3. Утврдува дека имало повреда на членот 6 став 1 од Конвенцијата во однос на должината на постапките;
3. Утврдува дека имало повреда на членот 13 од Конвенцијата;
5. Утврдува
(а) тужената држава да им ги плати на жалителите во рок од три месеци од конечноста на одлуката, согласно членот 44 став 2 од Конвенцијата, следните износи, конвертирани во националната валута на тужената држава по курс на денот на извршувањето:
(и) во однос на нематеријалната штета:
(α) ЕУР 3,700 (триилјади и седумстотини евра), плус кој било издаток што може да биде наплатен, на втората жалителка и
(β) ЕУР 1,700 (триилјади и седумстотини евра), плус кој било издаток што може да биде наплатен, на третата жалителка;
(ии) во однос на трошоците и издатоците:
(α) ЕУР 80 (осумдесет евра), плус кој било издаток што може да биде наплатен, на првиот жалител;
(β) ЕУР 1,000 (илјада евра), плус кој било издаток кој може да и биде наплатен, на втората жалителка и износот да биде префрлен на банкарската сметка на претставникот на втората жалителка;
(б) дека од истекот на наведениот рок од три месеци до извршувањето, основна камата ќе се пресмета на наведениот износ според најниската каматна стапка за позајмени средства на Европската централна банка за односниот период плус три процентни поени;
6. Го одбива остатокот од барањето на жалителите за правичен надоместок.
Изработено на англиски и доставено на писмено на 29 мај 2012 година, согласно член 77 ставови 2 и 3 од Деловникот на Судот.
André WampachNina Vajić
Заменик на секретаротпретседател
Full & Egal Universal Law Academy