ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА О’ХАЛРАН И ФРАНСИС против
ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
(Жалби бр. 15809/02 и 25624/02)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
29 Јуни 2007
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Во случајот О’Халран и Франсис против Обединетото Кралство,
Европскиот Суд за Човекови Права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Жан-Пол Коста (Jean-Paul Costa), Претстедател,
Лузиус Вилдхабер (Luzius Wildhaber),
Христос Розакис (Christos Rozakis),
Никола Браца (Nicolas Bratza),
Боштјан М. Зупанчиќ (Boštjan M. Zupančič),
Риза Турмен (Rıza Türmen),
Володимир Биткевич (Volodymyr Butkevych),
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Мати Пелонпаа (Matti Pellonpää),
Снежана Ботучарова (Snejana Botoucharova),
Станислав Павловски (Stanislav Pavlovschi),
Лех Гарлицки (Lech Garlicki),
Хавиер Борего (Javier Borrego),
Алвина Гјулимјан (Alvina Gyulumyan),
Љиљана Мијовиќ (Ljiljana Mijović),
Егберт Мијер (Egbert Myjer),
Јан Шикута (Ján Šikuta), судии,
и Венсан Берже (Vincent Berger), Правен советник,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 27 септември 2006 г. и на 23 мај 2007 г.,
Ја донесе следната пресуда, која беше усвоена на погоре споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Предметот произлезе од две жалби (бр. 15809/02 и 25624/02) против Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска поднесено до судот согласно Членот 34 од Конвенцијата за Заштитата на Човековите права и фундаменталните слободи („Конвенцијата“) од страна на двајца британски државјани, г-дин. Жерар О’Халран (Gerard O’Halloran) и г-дин. Идрис Ричард Франсис (Idris Richard Francis)(„жалители”), на 3 април 2002 и 15 ноември 2001 g.
2. Жалителите, од кои едниот е добитник на правна помош, беа застапени од г-дин. Џ. Велш (J. Welch) од Либерти (Liberty), Лондон. Владата на Обединетот Кралство („Владата“) беше застапена од Агентот, г-дин. Д. Валтон (D. Walton) од Министерството за Надворешни работи и Комонвелт.
3. Г-дин. О’Халран тврдеше дека тој бил осуден само или главно врз основа на изјавата која тој бил принуден да ја даде под закана на казна слична на онаа наменета за самиот прекршок. Г-дин Франсис се жалеше дека тоа што бил принуден да даде доказ заради тоа што го извршил прекршокот за којшто бил осомничен го повредило неговото право да не се самоинкриминира. Обајцата жалители се повикаа на Членот 6 §§ 1 и 2 од Конвенцијата.
4. Жалбите му беа доделени на четвртиот оддел на Судот (член 52 § 1 од Деловникот). Тие беа споени на 26 октомври 2004 г. и прогласени за допуштени на 25 октомри 2005 г. од страна на совет од овој оддел, во состав од следните судди : Хозеп Касадевал, Никола Браца, Мати Пелонпаа, Станислав Павловски, Лех Гарлицки, Љиљана Мијовиќ, Јан Шикута, и од Мајкл О’Бојл, секретар на секцијата. На 11 април 2006 г., советот му го препушти случајот на Големиот судски совет, при што ниту една од странките немаше ништо против. (член 30 од Конвенцијата и член 72 од Деловникот).
5. одлуката за составот на Големиот судски совет беше донесена согласно членовите 27 §§ 2 и 3 од Конвенцијата и 24 од Деловникот. На 19 јануари 2007 г., истекол мандатот на претстедателот на Судот Луциус Вилдхабер (Luzius Wildhaber). Жан-Пол Коста ја наследил оваа функција и од таа дата станал претседател на Големиот судски совет (член 9 § 2 од Деловникот). Луциус Вилдхабер и Мати Пелонпаа продолжиле да заседаваат во советот и по истекувањето на нивниот мандат, согласно членовите 23 § 7 од Конвенцијата и 24 § 4 од Деловникот.
6. Како и жалителите така и Владата поднесоа писмени забелешки за суштината на случајот.
7. Беше одржано јавно рочиште во Палатата за Човекови права, Стразбур, на 27 септември 2006 г. (Пресуда 59 § 3).
Пред судот се појавија:
(a) за Владата
г-дин.Д.Валтон (D.Walton), Агент,
г-дин. Д. Пери (D. Perry), Совет,
г-ѓа. Л.Кларк (L. Clarke),
г-дин. М.Мејџи (M. Magee),
г-дин.Џ. Мур (J. Moore), Советници;
(b) за жалителите
г-дин. Б.Емерсон КЦ (B. Emmerson QC),Совет,
г.дин. Џ. Велш (J. Welch),Адвокат,
г-дин. Д. Фридман (D. Friedman), Советник,
г-дин. Џ. О’ Халран (Halloran),
г-дин. И.Франсис (I. Francis),Жалители.
Судот ги сослуша изјавите на г-дин. Емерсон и г-дин. Пери како и нивните одговори на прашањата поставени од судиите.
ФАКТИТЕ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
8. Жалителите се родени едниот во 1933 г., другиот во 1939 г., и денес едниот живее во Лондон, а другиот во Петерсфилд.
A. Г-дин. O’Халран (жалба бр. 15809/02)
9. На 7 април 2000 г., во 4ч55, возило регистрирано на име на жалителот со регистерски таблички T61 TBX, било снимено со камера-радар како вози со брзина од 69 милји или 111 километри на час на автопатот M11 каде максимално дозволената брзина била 40 милји или 65 километри на час.
10. На 17 април 2000 г., полициската единица од Есекс надлежна за вршењето на радарска контрола му се обратила по писмен пат на жалителот на следниов начин:
„Имаме фотографски докази дека возачот на возилото со регистарски таблички T61 TBX ја надминал максимално дозволена брзина на возење (...) Ќе биде покрената постапка против возачот заради непочитување на ограничувањето на брзина (...) Вие бевте назначени како возач на возилото во мигот кога прекршокот бил извршен и оттука имате правна обврска да се потчините на одредбите наведени на втората страница од ова известување. Мораме да ве известиме дека доколку не го исполните она што се бара од вас во рок од 28 дена ќе се смета дека сте направиле прекршок и ќе бидете подложени на максималната казна со која казнува самиот прекрошок, осносно парична казна од 1,000 фунти и од три до шест казнени поени на вашата возачка дозвола.”
11. Приложеното Известување за предвидено покренување на судска постапка го информирало жалителот дека се предвивува отпочнување на судска постапка против возачот на возилото. Од него било побарано да го даде целосното име и адреса на возачот на возилото во наведената прилика или пак да ги достави потребните информации кои тој ги поседува за идентификување на возачот. Тој исто така бил информиран дека недоставувањето на бараните информации еднакво се смета за кривично дело согласно членот 172 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата од 1988 г.
12. Жалителот одговорил на писмотопотврдувајќи дека тој возел во дадената прилика.
13. На 27 март 2001 г. жалителот бил повикан да се јави на суд за прекршоци (Magistrates’ Court) во Северен Есекс каде требало да одговара заради пречекорување на дозволената брзина на возење. Пред судењето, жалителот се обидел да го отстрани од постапката признанието кое тој го дал како одговор на Известувањето за покренување на судска постапка, повикувајќи се на членовите 76 и 78 од Законот од 1984 за полиција и докази во казнена постапка (Police and Criminal Evidence Act) комбинирани со Членот 6 од Конвенцијата. Неговото барање било одбиено во однос на одлуката донесена од страна на Приватниот совет (Privy Council) во случајот Броун против Скот (Brown v. Stott) [2001] 2 WLR 817. По ова, гонителите се повикувале на фотографијата на забрзаното возило и на признанието добиено како резултат на доставеното барање формулирано согласно членот 172. Жалителот бил прогласен за виновен и осуден да плати казна од 100 фунти (ГБП), како и 150 ГБП за трошоци и издатоци, а од неговата возачка дозвола му биле одземени шест казнени поени.
14. На 11 април 2011 жалителот побарал од Судот за прекршоци да го поднесат следното прашање пред Високиот суд (High Court):
“Дали, со оглед на околоностите на случајот, признанието преку кое обвинетиот признал дека тој го возел возилото во прашање требало да биде исклучено од постапката согласно членовите 76 и 78 од Законот од 1984 г. за полиција и докази во кривичната постапка како и според неодмана донесените пресуди од страна на Европскиот суд за човекови права со оглед на тоа што подносителот бил принуден самиот да се обвини?” :
15. На 23 април 2010г. секретарот на Судот за прекршоци го информирал жалителот дека судиите одбивале да го поднесат барањето пред Високиот суд со оглед на конечната пресуда донесена за ваков предмет од страна на Приватниот совет во случајот Браун против Скот (цитиран погоре) и од страна на Високиот суд во случајот Јавно обвинителство против Вилсон (Director of Public Prosecutions v. Wilson) ([2001] EWHC Admin 198).
16. На 19 октомври 2001 г. барањето поднесено од страна на жалителот за судска ревизија на одлуката на Судот за прекршоци била одбиена.
B. Г-дин. Франсис (жалба бр. 25624/02)
17. Автомобил регистриран на име на жалителот било снимен со камера-радар на 12 јуни 2001 г. заради возење со брзина со 47 милји или 75 километри на час кога максимално дозволената брзина била 30 милји или 50 километри на час.
18. На 19 јуни 2001 г. полицијата од Сури му испратила на жалителот Известување за покренување на судска постапка со следната содржина:
„Согласно членот 1 од Законот за сообраќајни прекршоци (Road Traffic Offenders Act) од 1988 г. ве известуваме дека ќе биде отпочната постапка против возачот на моторното возило Алвис со регистарски таблички EYX 622 ...
Овие наводи се поткрепени од фотографии и видео снимки како доказ. Вие сте регистрирани како сопственикот/возачот или корисникот на возилото во периодот кога се случил наведениот прекршок и оттука од вас се бара да ги доставите името и презимето како и адресата на возачот кој управувал со возилото во конкретниот случај и локација. Согласно членот 172 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата (Road Traffic Act) од вас се бара да ја доставите наведената информација во рок од 28 дена по добивањето на ова известување. Во случај на недоставување на бараната информација вие ќе бидете подложени на гонење. Казната за недоставувањето на наведената информација притоа е слична со казната за самиот прекршок, односно, се работи за парична казна и одземање на казнени поени од возачката дозвола.”
19. На 17 јули 2001 г. жалителот и пишал на полицијата од Сури повикувајќи се на правото на молчење и да не земе учество во сопствената инкриминација.
20. На 18 јули 2001 г. полицијата од Сури го известила жалителот дека пресудата во случајот Браун против Стот, цитирана погоре, заклучила дека членот 172 од Законот за патен сообраќај од 1988 г. не претставувал повреда на неговите права.
21. Жалителот одбил да ја достави баранат информација.
22. На 28 август 2001 г. жалителот бил свикан од Судот за прекршоци заради повреда на членот 172(3) Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата од 1988 г. Тој успеал да добие одложување на судењето.
23. На 9 ноември 2001 г., Судот за прекршоци прифатил уште едно одложување, со оглед на намерата на г-дин. Франсис да поднесе жалба пред Судот во Стразбур. Жалителот се обратил на писмено до Судот на 15 ноември 2001 г., повикувајќи се на членовите 6 §§ 1 и 2 од Конвенцијата.
24. На 8 февруари 2002 г., Судот за прекршоци го откажал одложувањето на постапката и го закажал рочиштето за 15 април 2002 г., на кој датум жалителот бил осуден на парична казна од 750 фунти (ГБП) плус 250 фунти (ГБП) за трошоци и издатоци како и на три казнени поени на неговата возачка дозвола. Жалителот тврди дека пресудената парична казна била значително повисока од онаа во случај да се изјаснел за виновен за пречекорување на дозволената брзина.
II. РЕЛЕВАНТНОТО НАЦИОНАЛНО ПРАВО И СУДСКАТА ПРАКСА
A. Законодавството за патниот сообраќај
25. Членот 172 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата од 1988 г. („Законот од 1988 г.”) се однесува на должноста да се достават информации за возачот кој управувал со возилото во дадени околности. Ставот 1 од овој член се однесува на сообраќајните прекршоци на кои се однесува членот. Овие вклучуваат паркирање на велосипедска патека (казниво според членот 21 од Законот од 1988 г.) и предизвикување смрт заради невниметелно возење (член 1), прекрошоци казниви со некои други одредби, вклучително возење со прекумерна брзина и убиство од небрежност починето од возач на моторно возило.
Ставот 2 од членот 172 гласи:
“Кога возачот на некое возило е осомничен дека починил прекршок на којшто овој член се однесува –
(a) лицето сопственик на возилото, во случај тоа да му биде побарано од страна на началникот на полиција или во негово име, е должно да ги даде бараните информации во врска со идентитетот на возачот,
(б) секое друго лице, во случај тоа да му е побарано како што е неведено погоре, да ја даде секоја информација која може да помогне во откривањето на идентитетот на возачот.”
Ставот 3 од истиот член гласи:
“Освен исклучоците наведени во следниве одредби, лицето кое нема да одговори на барањето дефинирано погоре во ставот 2 ќе се смета дека починило прекршок.”
Ставот 4 вели:
“Нема да се смета дека починило прекршок, согласно параграфот а од ставот 2, лицето кое ќе успее да докаже дека не го знаело идентитетот на возачот и дека тоа не можело да го дознае со помош на разумни средства..”
26. На лицето кое починило прекршок согласно ставот 3 може да му биде одземена возачката дозвола или пак да му бидат одземени три казени поени од дозволата; тоа исто може да биде казенето до нивото 3 на стандардната скала, односно во износ од 1,000 британски фунти.
27. Членот 12 (1) од законот од 1988 г. кој се однесува на починителите на прекршоци во сообраќајот, предвидува дека, во рамките на една сумарна постапка за непочитување на законот за сообраќај, вклучително и постапка за прекумерна брзина, може да се прими како доказ пишана изјава потпишана од страна на обвинетото лице согласно членот 172 (2) од Законот од 1988 г. каде лицето назначува дека тоа управувало со возилото во времето на прекршокот.
B. Законот од 1984 г. за полицијата и за доказите во кривична постапка
28. Членот 76 гласи
“(1) Секое признание добиено од обвинетото лице во текот на постапката може да биде употребено против него во онаа мера во која тоа е релевантно за некоја од точките на постапката и не е исклучено од страна на судот при примената на овој член.
(2) Ако, во некоја постапка во која обвинителот предвидува да употреби како доказ признание добиено од страна на обвинетото лице, му се укажува на судот дека наведеното признание било или можеби било добиено –
(a) по пат на притисок врз лицето кое го дало признанието; или
(б) следствено на нешто што било кажано или сторено и кое, во дадените услови, можело да го компромитира кредибилитеот на секое признание дадено од тоа лице, оттука
судот нема да дозволи признанието да се употреби како доказ против тоа лице освен во случај кога обвинителството ќе докаже, без притоа да постои разумно сомневање, дека признанието (независно дали е тоа вистинито или не) не било добиено на начинот наведен погоре.
29. Членот 78(1) гласи:
“Во секоја постапка судот може да не прифати даден доказ врз кој обвинителството сакало да се потпира, доколку судот смета дека, земајќи ги предвид сите околности, вклучително и околностите во кои се дошло до доказот, прифаќањето на доказот би можело да ја загрози правичноста на судењето до таа мера што судот е должен истиот да го прифати.”
C. Релевантната домашна судска пракса
30. Во случајот Браун против Стот, наведен погоре, приватниот Совет го разгледуваше случајот на жена приведена заради крадење од продавница во близината на автомобил кој се чинел дека бил нејзин. Таа била подложена на дување во балон за алко-тест и резултатот потврдил присуство на алкохол. За да проверат дали таа управувала со возилото во алкохолизирана состојба (прекршок кој се казнува согласно членот 5 од Законот од 1988 г.), полицијата и упатила известување за отпочнување постапка согласно членот 172 од истиот закон. Обвинителот (Procurator Fiscal) се обидел да го искористи нејзиниот одговор дека таа управувала со возилото за да ја обвини за возење под дејство на алкохол. Високиот суд (High Court of Justiciary) ја прифатил жалбата на подносителката, оценувајќи дека обвинителството не смеело да се повикува на доказ базиран врз признание што таа била принудена да го даде.
31. По однос на жалбата од обвинителот, Приватниот Совет оценил дека употребата на признанието не била спротивна на барањата на членот 6 од Конвенцијата. Лорд Бингем (Lord Bingham) од Корнхил, изрекувајќи ја пресудата, имено се изјаснил со следните зборови:
“Всиоката стапка на смртност и повреди на патиштата предизвикани од несоодветното управување со моторни возила е мошне сериозен проблем заеднички за речиси сите развиени општества. Оттука, несомнена е потребата истиот да се третира на ефикасен начин, за доброто на сите. Демократските општества се обидеа да го решат овој проблем на различни начини, меѓу кои усвојувајќи соодветна регулација што треба да ја почитуваат и контролирајќи ја примената на регулацијата преку идентификување, гонење и санкционирање на возачите кои го повредуваат законот. Расположливите податоци (...) иако не се целосни, откриваат различни начини на решавање на проблемот на спроведување на прописите. Во одредени правни системи (Шпанија, Белгија и Франција, на пример), регистрираниот сопственик на возилото се зема како претпоставениот возач виновен за полесни прекршувања на Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата , освен во случај кога тој ќе докаже дека друго лице управувало со возилото во мигот на прекршокот или доколку наведе друг аргумент кој ќе го ослободи од вината. Со оглед на тоа дека постои очигледен јавен интерес за почитувањето на законодавството за патниот сообраќај, клучното прашање кое се поставува во овој случај е да се утврди дали членот 172 претставува несразмерен одговор или пак претставува повреда на правото на обвинетиот на правично судење во случај кога неговото признание дека тој управувал со возилото се користи како доказ во судската постапка.
Јас лично не сметам дека членот 172, кога е соодветно применет, претставува несраземерен одговор на овој сериозен општествен проблем, ниту пак мислам дека користењето на признанието на подносителката во конкретниов случај би го повредило нејзиното право на правично судење. Дојдов до овој заклучок од следните причини.
1. Членот 172 предвидува да се постави само едно прашање, и тоа едноставно. Одговорот на ова прашање не е доволен сам по себе за да се обвини осомничениот бидејќи самото возење автомобил не претставува прекршок. Признанието дека некој управувал со дадено возило се разбира може да послужи, како во дадениов случај, како доказ во обвинителната постапка, меѓутоа членот во прашање не дозволува да се пристапи кон продолжени испрашувања во врска со фактите, кои испрашувања се подложни на кривично гонење, како испрашувањето во случајот Саундерс (Saunders) кое беше оспорено ; освен тоа, казната која го санкционира одбивањето да се одговори на поставеното прашање е умерена и не содржи мерка лишување од слобода. Ништо не нѐ наведува да мислиме дека во случајов биле извршени присила или притисоци кои можат да доведат до признание кое оттука би требало да се земе со резерва и би ризикувало да доведе до судска грешка; доколку би постоел доказ за такви постапувања, судијата има целосно право да одбие да го прифати признанието како доказ.
2. Додека Високиот Суд имаше право да прави разлика (...) меѓу давањето одговор на прашање поставено по однос на членот 172 и земање телесни мостри за анализа, и за тоа можеше да се потпира на пресудата на Европскиот суд за случајот Саундерс (...) според моето мислење оваа дистинкиција не треба да се турка премногу далеку. (...) Вистина е дека одговорот на барателката било да е даден устно или писмено претставува нов доказ којшто не постоел пред таа да го каже или напише истиот. Од друга страна, ќе признаеме дека процентот на алкохол во нејзината крв претставува факт потврден уште пред нејзиното дување во балонот за алко-тест. Меѓутоа нејзе и било побарано да дува во балонот за алко-тест (пришто одбивањето кривично се казнува) токму со цел да се добие доказ кој доказ претходно не постоел, и добиениот резултат, освен во исклучителни случаи, е доволен за еден возач да се прогласи за виновен. (...) Тешко може да се воочи зошто барањето да се даде одговор на дадено прашање е спорно, а барањето да се направи алко-тест не е. Меѓутоа, во случајов, никој не го критикува фактот што барателката била подложена на алко-тест.
3. Сите лица кои управуваат моторни возила знаат дека притоа треба да се повинат на одредени прописи, кои се применуваат не затоа што да се управува или поседува моторно возило претставува некаква привилегија или услуга од страна на државата туку затоа што се смета дека поседувањето и користењето автомобил (исто како, на пример, поседувањето и користењето револвер (...)) носат ризик од предизвикување сериозни повреди. Вистина е дека членот 172(2)(b) дозволува да се постави прашање на „кое и да е друго лице“, односно на лице кое не е сопственикот или возачот на возилото, и за кое не може да се каже дека тоа имплицитно ги прифатило регулативните прописи, меѓутоа лицето кое не е возач или сопственик на возилото нема да се инкриминра себе си каков и да е одговорот што ќе го даде. Доколку, разгледувајќи проблемот од сите аспекти, се запрашаме дали членот 172 претставува несразмерен правен одговор на проблемот на очувувањето на безбедноста на патиштата, дали воспоставената рамнотежа меѓу интересите на заедницата во нејзината целост и интересите на поединецот ги повредува правата на последниов, дали (накусо) користењето на овие докази би претставувало повреда на некое фундаментално право на барателот whether, јас би се почувствувал обврзан да дадам негативен одговор на сите овие прашања. Доколку сегашниов случај е валиден, британските граѓани можеле да се повикаат на него уште од 1966 г., но никој од оваа земја, колку што знам, досега не ја критикувал постоечката легислатива како неправедна.”
Одлуката беше усвоена од англискиот Висок Суд (High Court) во случајот Обвинител против Вилсон (Director of Public Prosecutions v. Wilson), наведен погоре.
ПРАВОТО
НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 6 §§ 1 И 2 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
32.Подносителите се жалат дека биле принудени да достават обвинителни доказни елементи за нив самите наспроти нивното право на молчење и правото да не се самоинкриминираат. Членот 6 од Конвенцијата вели, во следните релевантни одредби:
“1. Секое лице има право правично да биде сослушано (...) од страна на суд (....) кој ќе одлучи (...) за основаноста на кое и да е кривично обвинение против него (...)
2. Секое лице обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не се докаже согласно законот.”
A. Применливоста на Членот 6 § 1 на Конвенцијата
33. Жалителите наведуваат дека кривичниот дел од членот 6 § 1 бил применлив во нивниот случај бидејќи секој од нив добил Известување за покренување на постапка, и секој од нив бил казнет, г-дин О’Халран за возење со недозволена брзина и г-дин Франсис заради одбивање да го даде името на оној кој управувал со возилото при починувањето на прекршокот.
34. Владата не сугерира дека дека членот 6 § 1 не бил применлив за обата случаи.
35. Судот констатира дека известувањата за отпочнување на постапка што жалителите ги добиле имале „сериозни реперкусии“ врз ситуацијата на истите, така што тие биле „обвинети“ за пречекорување на дозволената брзина во автномното значење кое му е дадено на овој термин во членот 6 од Конвенцијата (видете Сервeс (Serves) против Франција, 20 октомври 1997, § 42, Збирка на пресуди и одлуки 1997‑VI). Како и да е, членот 6 од Конвенцијата може да се примени во случај на користење на присила со цел да се добијат изјави дури и во отсуство на каква и да е друга постапка, или пак кога барателот е ослободен во основната постапка (видете Функе (Funke) против Франција, 25 февруари 1993, §§ 39 и 40, серија A бр. 256‑A, и Хејни и Мекгинис (Heaney and McGuinness) против Ирска, бр. 34720/97, §§ 43-45, ЕСЧП 2000‑XII).
36. Судот прифаќа дека членот 6 е применлив во сегашниов случај.
B. Усогласеност со членот 6 § 1 од Конвенцијата
1. Поднесоците на страните
37. Владата аргументира дека правото да не се самоинкриминира и правото на молчење не се апсолутни и дека нивната примена може да се ограничи кога станува збор за други легитимни цели од јавен интерес. Освен на случаите кои се однесуваат на правото на молчење (на пример Саундерс (Saunders) против Обединетото Кралство, 17 декември 1996, § 62, Збирка 1996‑VI), владата се повикува на ограничувањата на пристапот до суд (на пример во случајот Ејшигндејн (Ashingdane) против Обдеинетото Кралство, 28 мај 1985, § 58, Серија A бр. 93, на судската пракса која покажува дека, во одредени услови, договорните држави имаат право да го пренесат товарот на докажување за одредени области под услов тоа да не ја наруши праведната рамнотежа меѓу интересот на поединецот и општиот интерес на заедницата (на пример Салбиаку (Salabiaku) против Франција, 7 октомври 1988 г., § 28, серија A бр. 141‑A), на прифатливите ограничувања на правата на одбраната во случаи кои се однесуваат на принципот на еднакви права во судската постапка (Фит (Fitt) против Обединетото Кралство [ГC], бр 29777/96, § 45, ЕСЧП 2000‑II) и на испрашувањето сведоци (С.Н. против Шведска, бр. 34209/96, § 47, ЕСЧП 2002‑V) како и на општиот принцип според кој националното законодавство е пред сѐ должно да го регулира прашањето на прифатливоста на доказите, вклучително и на доказите за вина (видете го, на пример, случајот Кан (Khan) против Обединетото Кралство, бр. 35394/97, § 38, ЕСЧП 2000-V).
38. Владата тврди дека овластувањето кое произлегува од членот 172 од законот за патниот сообраќај („Законот од 1988 г.“) да се добие одговор на прашањето за тоа кој управувал со возилото во времето на претпоставената повреда на сообраќајните прописи и да се употреби тој одговор како доказ за вина, или, пак, во недостаток од ваков одговор, да се гони лице кое одбило да одговори, е во согласност со членот 6 на Конвенцијата. Одлични причини го оправдуваат тоа да се побара од сопственикот на возилото да ги достави податоците за тоа кој управувал со возилото: казните наменети за повреда на сообраќајните прописи имаат за цел да ги разубедат учесниците во сообраќајот да се однесуваат на начин кој може да ја загрози безбедноста на другите, и, во таа смисла, разубедувањето е тесно поврзано со ефикасноста на репресијата (истражувања покажале дека контролните радари, на пример, овозможиле да се намали стапката на несреќи за 28 %); не постои единствено решение кое ќе биде ефикасно во сите случаи за да се замени надлежноста предвидена со членот 172, без којашто било било невозможно да се врши истрага за повредите на сообраќајните прописи и да се преземат ефикасни законски постапки и, конечно, простиот факт да се се управува возилото сам по себе не е инкриминирачки. Ниту пак членот 172 ја повредува презумцијата на невиност со оглед на тоа што вкупниот товар на докажување останува кај одбраната. Оваа одредба предвидува да се постави само едно прашање во дадени околности, и сите вообичаени гаранции против употребата на несигурни докази или пак докази добиени со употреба на нерегуларни или несоодветни средства и понатаму важат. Освен тоа, предвидената максимална казна е само парична казна во износ од 1 000 британски фунти.
39. Владата смета дека употребата на членот 172 има поограничени ефекти врз возачите отколку што тоа би го имале предвидливи алтернативни решенија како што е можноста да се извлечат спротивни закучоци од одбивањето на возачот на возилото да даде одговор на прашањето кој управувал со возилото во мигот на починувањето на сообраќајниот прекршок, или пак законската презумција на факти според која сопственикот на возилото се смета за возач на возилото во мигот на прекршок се додека не го докаже спротивното. Владата исто мисли дека фактот што други законски техники можат суштински да го постигнат истиот резултат покажува дека станува збор повеќе за прашање на пропорционалност одошто за, како што тоа го тврдат подносителите, апсолутната природа на правата во случај на директна присила.
40. Жалителите тврдат дека сериозниот проблем предизвикан од несооодветното управување со моторни возила не доволен за да го оправда системот на присила кој е спротивен на суштината на правата гарантирани со членот 6. Релативно леснотија на предвидените казни, во таа смисла, не е релевантна со оглед на тоа што членот 6, вклучувајќи го принципот против себе-инкриминирањето и правото на молчење, се применува на секоја кривична постапка без разлика. Тие понатаму аргументираат дека не постои очигледно и готово алетернативно решение, велејќи дека методите на индиректна присила, или пак употребата на информации задокажување вина добиени по пат на присила надвор од контекстот од самите кривични постапки, ја постигнуваат истата цел. Тие аргументираат дека обвинет или потенцијален туженик не може да биде принуден под закана на казна да достави информации која единствено тој е во можност да ја достави и која не може да се добие врз основа на документи или телесни докази независно од неговата волја. Обвинителството е должно да ја докаже вината без примена на присила против волјата на обвинетиот.
41. Жалителите сметаат дека постоењето на други легислативни техники кои водат до исти или слични резултати, но на начин кој е помалку интрузивен по однос на правата на обвинетиот (извлекувањето на негативни заклучоци од одбивањето да се одговори на даденото прашање, или пак воспоставувањето на законска презумпција на факти дека регистрираниот сопственик на возилото е возачот на возилото освен ако не го докаже спротивното) е потврда дека постоечкиот режим не е стриктно нужен во демократско општество.
42. Тие забележуваат дека во случајот Саундерс и Хени и Мекгинис (обата цитирани погоре) Судот сметал дека јавниот интерес не можел да се користи како оправдание за користењето одговори добиени со употреба на присила. Тој ја отфрлил тезата на Владата според која законот од 1984 г. за полицијата и доказите во кривична постапка нуди гаранција против користењето на вакви елементи; навистина, членовите 76 и 78 од овој закон не дозволуваат да се отфрлат сведоштвата добиени согласно законските одредби. Со оглед на тоа дека жалителите биле предмет на кривична постапка, а не на обична административна истрага во времето кога тие биле подложени на директна присила, според нив имало повреда како не членот 6 § 1така и на членот 6 § 2 од Конвенцијата.
2. Оценката на Судот
(a) Вовед
43. Судот најпрво забележува дека жалителите се наоѓале во различни фактички ситуации. Г-дин. О’Халран признал дека тој управувал со возилото во времето на прекршокот, а потоа се обидел, залудно, да го отстрани тој доказен елемент од неговото судење. Потоа тој бил осуден заради возење со преголема брзина. Што се однесува пак до г-дин. Франсис, тој одбил да го даде името на лицето кое управувало со возилото во времето и на местото назначени во добиеното известување за отпочнување на постапка против него и тој бил осуден заради тоа. Случајот на г-дин О’Халран се чини на прв поглед сличен со случајот Саундерс, каде жалителот се жалел поради користењето во кривичното судење на докази кои, според него, биле добиени со повреда на членот 6. Случајот на г-дин Франсис, од друга страна, се чини посличен на случаите Функе (претходно спомнат), Ј.Б. против Швајцарија (бр. 31827/96, ЕСЧП 2001-III), Хини и Мекгинис (претходно спомнат) et Шенон (Shannon) против Обединетото Кралство (бр. 6563/03, 4 октомври 2005) ; во секој од овие случаи, жалителитe биле осудени на парична казна заради тоа што одбиле да ги достават бараните информации, а Судот ја земал казната предвид независно од постоењето или резултатот на основна постапка.
44. Сепак, клучното прашање во обата случаи е да се утврди дали присилата што членот 172 од законот од 1988 г. му ја наметнува на лице обвинето заради пречекорување на дозволената брзина да даде изјави кои ќе служат како обвинување против него или пак кои можат да доведат до негово осудување, е компатибилна со членот 6 од Конвенцијата. Судот, оттука, ќе се труди колку што е можно да ги разгледува двата случаи заедно.
(б) Судската пракса на судот
45. Во случајот Функе (Funke), жалителот бил осуден заради неговото недоставување на „хартии и документи (...) поврзани со операции кои ја заинтересирале [даночната] служба” и за коишто таа била убедена дека сигурно постојат (член 65 од Законот за царина). Судот просудил дека обидот да се принуди жалителот самиот да обезбеди докази за прекршоците што се претпоставува дека ги извршил, претставувал повреда на неговото право на молчење и на неговото право да не се самоинкриминира (Функе, цитиран погоре, § 44). Судот не продолжил со елаборирање околу природата на правото на молчење и она да не се придонесе во себе товарењето.
46. Случајот Џон Мјуреј (John Murray) против Обединетото Кралство (8 февруари 1996, Зборник 1996‑I) се однесувал, меѓу другото, на заклучоците изведени од молчењето на лице за време на испрашувањето и рочиштето. Судот оценил дека немало никаков сомнеж дека „правото да се молчи за време на полициско испрашување и правото да не се самоинкриминира [претставувале] меѓународни норми генерално признанени кои [биле] во срцето на поимот за правично судење (...) Заштитувајќи го обвинетиот од злоупотребата на присилата од страна на властите, овие имунитети придонеле да се избегнат судските грешки и да се гарантираат целите на членот 6“ (ibidem, § 45). Судот ги земал предвид двата екстрема. Од една страна, очигледно е дека е некомпатибилно со овие имунитети обвинението да се заснова исклучиво или суштински врз молчењето на обвинетиот, или врз неговото одбивање да одговори на прашања или да даде самиот доказ. Од друга страна, овие имунитети не можеле ниту пак смееле да спречат да биде земено предвид молчењето на обвинетиот во ситуации кои јасно барале објаснување од негова страна. Судот од ова заклучил дека „правото на молчење“ не е апсолутно (ibidem, § 47). Во однос на степенот на присила во овој случај, Судот оценил дека молчењето на подносителот не претставувало кривично дело или пак некаков contempt of court, и дека молчењето не можело само по себе да се смета за показател на вина (ibidem, § 48). Судот оттука направил разлика меѓу овој случај и случајот Функе во тоа што, во последниов случај, степенот на присилаво пракса „ја беше беше уништил самата суштина на правото да не се придонесува во сопственото обвинување“ (ibidem, § 49).
47. Случајот Saunders се однесуваше на користењето, во рамките на кривичната постапка против подносителот, на изјави кои биле добиени законски под присила согласно законот од 1985 г. за претпријатијата. Одредбите од овој закон ги обврзуваат раководителите на претпријатијата да овозможат увид во сите сметководствени книги и документи, да им бидат на располагање на инспекторите и да им ја понудат потребната помош во рамките на истрагата, а во спротивно да ризикуваат да бидат казнети со парична казна или казна затвор во времетрање од две години. Повикувајќи се на случаите Џон Мјуреј и Функе, Судот оценил дека правото да не се придонесе во сопственото обвинување се однесува најпрво на почитувањето на одлуката на обвинето лице да молчи и не се однесува на користењето, во кривична постапка, на податоци кои можеле да се добијат од обвинетиот со примена на присила и против волјата на осомничениот, како примероци од плунка, крв или урина. Судот сметал дека прашањето дали начинот на кој обвинителството ги искористило изјавите на подносителот добиени од страна на инспекторите со употреба на присила претставува неоправдана повреда на тоа право „требало да се разгледа низ призмата на сите околности од случајот“, и дека судот морал особено да оцени дали бил извршен притисок врз подносителот за да даде докази кои го товарат и дали користењето на овие елементи било спротивно на фундаменталните принципи на правично судење согласно членот 6 § 1 (Саундерс, претходно наведен, §§ 67 и 69).
48. Во случајот Сервес, жалителот бил повикан пред судот како сведок во рамките на кривичната постака во рамките на која на почетокот тој бил обвинет, иако на датата кога бил повикан на рочиште и во текот на подоцнежната постапка, релевантни акти на истрагата биле прогласени за неважечки. Жалителот одбил да се заколне и да сведочи согласно законот за кривична постапка со образложение дека изјавите кои можеби ќе требало да ги даде пред судијата можеле да бидат докази за вина против него самиот. Судот се согласил дека можело да биде прифатливо барателот да одбие да одговори на оние прашања на судот кои можеле да го наведат во насока да се инкриминира самиот себе си, но, со оглед на околностите на случајот, Судот оценил дека спорната казна имала за цел да ја осигура вистинитоста на дадените изјави, а не да го натера подносителот да се обвини самиот себе си. Така, казните биле досудени уште пред да се појави ризик од самоинкримирање. (Сервес, претходно цитиран §§ 43-47).
49. Во случајот Хини и Мекгинис, жалителите, кои биле уапсени во врска со бомбашки напад, одбиле да да одговорат на прашањата кои им биле поставени во рамките на посебна легислатива според која поединецот е обврзан да даде целосни информации за сите негови активности и движења во текот на одреден период. Тие биле ослободени од првобитното обвинение, но биле затворени заради одбивање да дадат детален извештај за сите нивни активности и движења. Откако ја разгледал судската пракса и оценил дека членот 6 §§ 1 и 2 се применливи, Судот прифатил дека правото на молчење и да правото да не се самоинкриминира се апсолутни права. Потоа, тој утврдил, откако ги разгледал различните расположливи процедурални заштити, дека „стапката на присила“ наметната на жалителите, имено, осуда и затворска казна заради одбивање да се даде „целосен извештај за [нивните] движења и активности за време на даден период и сите информации кои ги поседуваат во врска со извршувањето [на наведените прекршоци] (...) или пак со намерата (...) да се извршат [такви прекршоци]“ „всушност ја повредило суштината на нивното право да не самоинкриминираат како и на нивното право на молчење“. Оттука, Судот заклучи дека загриженоста за јавниот ред и безбедноста, на која Владата се повикала, не може да ја оправда одредбата (Хини и Мекгинис, претходно цитиран, §§ 47-58 и § 24).
50. Жалителот во случајот Вех (Weh) против Австрија (бр. 38544/97, 8 април 2004) бил парично казнет заради давање на неточни информации како одговор на барањето да каже кој управувал со неговиот автомобил на дадената дата и кое му било поставено од страна на окружните власти, согласно Законот за моторни возила (Motor Vehicles Act). Постапката веќе била започната против непознат сторител. Судот не сакал да се потпре на претходните случаи на П.,Р., и Х. (P., R. and H.) против Австрија, (бр. 15135/89, 15136/89 и 15137/89, Одлука на Комисијата од 5 септември 1989 г., Одлуки и извештаи 62, стр. 319), и забележал дека на жалителот му бил побаран единствено податокот за тоа кој управувал со неговото возило, а тој сам по себе не бил инкриминирачки. Судот утврдил дека немало врска меѓу претходната кривична постапка отпочната против непознат сторител и постапката во која жалителот бил осуден заради давање неточни информации (видете Вех, цитиран погоре, §§ 32-56).
51. Во случајот Шенон (Shannon), жалителот бил повикан за да даде податоци на вршителот на истрага во врска со кривичните дела кражба и лажно сметководство согласно Налогот за профитот од нелегалните дејствија од 1996 (Северна Ирска) (1996 Proceeds of Crime (Northern Ireland) Order). Жалителот не се јавил на распитот и бил казнет парично. Иако тој, во рамките на основната постапка, бил ослободен од обвиненијата за лажно сметководство и спогодба со цел измама кои произлегувале од истата серија факти, Судот заклучил дека на жалителот можел да избере да се жали на повредата на неговото право да не придонесува во самоинкриминирањето. Што се однесува до оправданоста на присилните мерки употребени врз жаленикот, Судот потсетил дека не секоја присилна мерка треба да доведе до заклучокот дека се работи за неоправдана повреда на правото да не се придонесе во самотоварењето. Судот утврдил дека ниту безбедносниот контекст ниту пак расположливата процедурална заштита не можеле да ги оправдаат применетите мерки во овој случај (Шенон, претходно цитиран, §§ 26-40).
52. Случајот Џелох (Jalloh) против Германија ([ГС], бр. 54810/00, ЕСЧП 2006‑IX), ЕСЧП 2006-IX) се однесувал на употребата на доказот – едно пакетче дрога проголтано од страна на жалителот – добиен со помош на присилно администрирање на еметик, средство за предизвикување на блуење. Судот го изрекол следното во врска со правото на молчење и правото да не се биде присилен на самоинкриминирање:
„94. ... Додека членот 6 го гарантира правото на правично судење, тој не ја регулира во исто време допуштеноста на доказите како такви, материја која е пред се во надлежност на домашното право (Шенк (Schenk) против Швајцарија, 12 јули 1988 г., §§ 45-46, серија A бр. 140, и Теиксеира де Кастро (Teixeira de Castro) против Португалија, 9 јуни 1998, § 34, Збирка 1998-IV).
(...)
100. Што се однесува до доказните елементи добиени со повреда на правото на молчење и на правото да не се биде присилен на самоинкриминирање, Судот потсетува дека овие права претставуваат меѓународно признаени стандарди кои се во срцето на поимот на правично судење согласно членот 6. Причината за постоењето на овие стандарди се должи меѓу другото на заштитата на обвинетиот од користење на прекумерна присила од страна на властите, а со тоа се избегнуваат судските грешки и се постигнуваат целите од членот 6. Особено, правото да не се самоинкриминира претполага дека, во кривична постапка, обвинението се обидува да ја поткрепи својата аргументација без да користи докази за вина кои биле добиени по пат на присила или притисок, против волјата на обвинетиот (видете, особено, Саундерс, претходно цитирана пресуда, § 68, Хени и Мекгинис, претходно цитирана пресуда, § 40, Ј.Б. против Швајцарија, бр. 31827/96, § 64, ЕСЧП 2001-III, et Ален (Allan) против Обедниетото Кралство, бр. 48539/99, § 44, [EКЧП 2002-IX]).
101. За да испита дали одредена постапка ја уништила самата суштина на правото да не се самоинкриминира, Судот треба посебно да ги разгледа следните елементи: видот и степенот на присила, постоењето на соодветни гаранции во постапката и како се употребени доказните елементи добиени на ваков начин (видете, на пример, Тирадо Ортиц и Лозано Мартин (Tirado Ortiz et Lozano Martin) против Шпанија (одл.), бр. 43486/98, ЕСЧП 1999-V, Хини и Мекгинис, претходно цитирана пресуда, §§ 51-55, Ален, претходно цитирана пресуда, ibidem).
102. Сепак, според константната судска пракса на Судот, правото да не се самоинкриминира однесува најпрво на почитувањето на одлуката за молчење на обвинетиот. Како што тоа вообичаено се разбира во правните системи на договорните страни на Конвенцијата и на друго место, ова право не се проширува на користењето, во кривични постапки, на доказни елементи кои можат да се добијат од обвинетиот со користење на присила и кои постојат независно од волјата на осомничениот
(...)
113. Според мислењето на Судот, спорните доказни елементи во случајов, односно скриената дрога во телото на жалителот, која била пронајдена по присилното администрирање на еметик, може да се смета дека припаѓаат на категоријата на материјал кој постои независно од волјата на осомничениот и чијашто употреба вообичаено не е забранета во рамките на кривична постапка. Сепак, повеќе елементи го разликуваат тековниот случај од набројаните примери во случајот Саундерс. Прво, како оспорените мерки во случаите Функе и Ј.Б. против Швајцарија, администрирањето на еметик имало за цел собирање материјални докази против волјата на жалителот. За разлика од ова, телесните мостри наведени во случајот Саундерс се добиени по пат на присила со цел да се направи форензичко испитување со намера да се детектира, на пример, присуството на алкохол или на дроги.
114. Второ, применетата сила во случајов значително се разликува од степенот на присила кој вообичаено е потребен за собирање на видот на материјал каков што е наведен во случајот Саундерс. За да се добие ваков материјал, осомничениот треба да истрпи пасивно помала повреда на неговиот физички интегритет (на пример, кога му се зема крв, примерок од коса или пак од телесно ткиво). Дури и кога се бара неговото активно учество, сепак може да се заклучи од случајот Саундерс дека тоа се однесува само на материјал произведен од нормалното телесно функционирање (како на пример плунката, урината или пак снимки од гласот). Од друга страна, во случајов жалителот бил принуден да ги изблуе бараните елементи, а за тоа било потребно да му се стави насила сонда во носот за да му се администрира субстанца наменета да предизвика патолошка реакција во неговиот организам. Како што тоа Судот го забележал погоре, оваа интеревенција не била без ризик по однос на здравјето на жалителот.
115. Трето, доказот во тековниот случај бил добиен со помош на метода која е спротивна на членот 3. Методата употребена во слушајот на жалителот е сосем поинаква од методите кои се користат за земање примерок од плунка или крв, кои не го достигнуваат, освен во исклучителни случаи, минималниот степен на сериозност за да се смета дека го повредуваат членот 3. Освен тоа, иако претставуваат мешање во правото на осомничениот на почитување на неговиот приватен живот, овие постапки се оправдуваат обично согласно членот 8 § 2 во тоа што тие се нужни за спречување на кривични дела (видете, особено, Тирадо Ортиц и Лозано Мартин, претходно наведена одлука).
116. (...) Правото да не се самоинкриминира е применливо во постапката во овој случај.
117. За да се утврди дали ова право не било испочитувано, Судот ќе ги разгледа наизменично следните фактори: видот и степенот на присила употребени за добивање на доказните елементи; тежината на јавниот интерес во гонењето на прекршокот и казнувањето на починителот; постоењето на соодветни гаранции во постапката и користењето на материјалите кои се добиени на тој начин.”
(в) Оценка на Судот
53. Жалителите аргументираат дека правото да се молчи и да не се самоинкриминира се апсолутни права, и дека вршењето на каков и да е облик на директна присила врз осомничено лице за истото да се присили на самоинкриминирање, против неговата волја, претставува повреда на самата суштина на овие права. Судот не може да прифати ваква теза. Вистина е дека до сега, како што тоа го нагласуваат подносителите, Судот оценил дека е повредено правото да не се самоинкриминира во сите случаи каде била извршена „директна присила“ за да се натера осомничениот или потенцијално осомничениот да достави информации кои придонеле или можеле да придонесат кон неговото осудување. Меѓутоа, од ова не произлегува дека секоја директна присила претставува автоматски повреда на правото. Правото на правично судење на кое се повикува членот 6 не трпи никакви отстапки; сепак, дефиницијата на овој поим не може да биде подложена на едно единствено и непроменливо правило туку напротив зависи од околностите на самиот случај. Оваа концепција била потврдена во посебниот пример на правото да се молчи во случајот Хини и Мекгинес и, понеодамна, во случајот Џелоу, каде што Судот ги навел факторите на кои намераваше да се повика за да одреди дали имало повреда на правото на жалителот да не се самоинкриминира.
54. Според жалителите, случајот Џелоу се разликува од сегашните случаи по тоа што тој се однесувал не на добивањето по пат на присила за давање на самоинкриминирачки искази туку повеќе на „материјални“ докази од типот на оние споменати во пресудата од случајот Саундерс, како примероци од плунка, крв и урина, и во таа смисла тој претставува исклучок од правилото изнесено во оваа пресуда. Судот признава дека фактичките околности на случајот Џелоу се мошне различни од оние од овој случај, меѓутоа тој не е убеден од понудениот аргумент од страна на жалителите. Дури и да може да се направи јасна разлика во случаите меѓу користењето на присилата заради добивање на инкриминирачки искази, од една страна, и на „материјални“ докази за вина, од друга страна, Судот забележува дека случајот Џелоу не бил сметан како релевантен по однос на исклучокот кој се однесува на „материјалните“ докази дефиниран во пресудата Саундерс. Напротив, Судот рекол дека овој случај требало да се третира како да се однесува на правото да не се инкриминира, согласно поширокото значење кое му е дадено на овој термин во случаите Функе и Ј.Б. против Швајцарија за да опфати случаи каде станувало збор за присила која имала за цел добивање на инкриминирачки докази (Џелоу, претходно цитиран, §§ 113-116 наведени погоре).
55. Земајќи ги предвид принципите содржани во пресудата Џелоу, и со цел да се одреди дали била повредена суштината на правото на жалителот да молчи и на правото да не се самоинкриминира, Судот ќе се фокусира на видот и степенот на присила употребен за да се добие доказот, на постоењето на релевантни гаранции во постапката, и начинот на кој бил употребен вака добиениот материјал.
56. Видот и степенот на присилата употребена за да се добијат докази во случајотна г-дин O’Халран, или при обидот за добивање докази во случајот на г-дин Франсис, биле наведени во Известувањето за отпочнување постапка што секој од жалителите го добил. Тие биле информирани дека, како регистрирани сопственици на нивните возила, тие требало да го достават целосното име и адреса на лицето кое управувало со возилото во времето на наведениот прекршок. Обајцата биле информирани дека одбивањето да се дадат бараните информации претставува кривичен престап согласно членот 172 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата од 1988 г.. Казната за одбивањето да се дадат бараните информации е парична казна во износ од 1000 британски фунти и одзменање на возачката дозвола или пак три казнени поени на возачката дозвола.
57. Судот се согласува дека присилата била од директен вид, какво што била присилата во други случаи каде што имало казни или опасност да се биде казнет за одбивање да се дадат бараните информации. Во овој случај, присилата била наметната во контекст на членот 172 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата, кој го обврзува регистрираниот сопственик на возилото да ги даде информациите за возачот на возилото во дадени околности. Судот забележува дека, иако и присилата и основните престапи биле подеднакво „кривични“ по својата природа, присилата произлегла од фактот, како што Лордот Бингам тоа го искажал во рамките на Приватниот совет во случајот Браун против Стот (видете став 31 погоре), дека „сите лица кои управуваат моторни возила знаат дека притоа треба да се повинат на одредени прописи, кои се применуваат не затоа што управувањето или поседувањето моторно возило претставува некаква привилегија или услуга од страна на државата туку затоа што се смета дека поседувањето и користењето автомобил (исто како, на пример, поседувањето и користењето револвер (...)) можат да предизвикаат сериозни повреди.” Може да се смета дека оние кои избираат да имаат и да возат автомобили се согласиле на одредена одговорност и на одредени обврски како дел од прописите кои ги регулираат моторните возила, и во рамките на правната рамка на Обединетото Кралство овие одговорности ја вклучуваат обврската, кога се претпоставува дека бил направен сообраќаен прекршок, да се информираат властите за идентитетот на возачот кој го сторил прекршокот.
58. Присилата извршена во обата случаи кои се предмет на разгледување се карактеризира од друга страна со ограничениот карактер на истрагата што полицијата имала дозвола да ја води. Навистина, членот 172 (2) (a) стапува на сила само кога постои сомнение дека возачот на возилото извршил прекршок на која оваа одредба се применува, и и овозможува на полицијата да побара информации само во врска со „идентитетот на на возачот“. Овие информации се значи доста поограничени отколку во претходните случаи, каде од жалителите беше побарано, согласно законот, да достават „документи и хартии од секаков вид поврзани со активностите кои ја интересираат службата“ (Функе, претходно цитиран, § 30), или пак „документи итн., кои се важни за оданочувањето“ (Ј.Б. против Швајцарија, претходно цитиран, § 39). Во случајот Хини и Мекгинис, жалителите требало „да ги дадат комплетните информации за нивните движења и активности за време на даден период“ (§ 24) и, во случајот Шенон, можеле да бидат побарани информации (со мала рестрикција за да се води сметка за професионалната тајна на адвокатот) поврзани со кое и да е прашање за коешто истражителот мисли дека е релевантно за истрагата (видете ја референцата која фигурира во ставот 23 од претходно наведената пресуда за случајот Шенон). Информациите кои биле побарани од жалителот во случајот Вех биле ограничени, како и во тековниот случај, на „информациите поврзани со идентитеот на возачот на одредено моторно возило (...) во даден момент (...)“ (§ 24). Судот во овој случај заклучил дека нема повреда на членот 6 од Конвенцијата со образложение дека немало отпочната постапка ниту пак таква била предвидена да се отпочне против жалителот. Судот забалежал дека обврската да се даде едноставен податок – односно идентитетот на возачот на возилото – сама по себе не е инкриминирачка (Вех, претходно цитиран, §§ 53-54). Освен тоа, како што Лорд Бингам (Bingham) тоа го посочи во случајот Браун против Стот (став 31 погоре), членот 172 не дозволува продолжени испрашувања во врска со факти за кои се претпоставува дека се можеби кривични престапи, и казната која го санкционира одбивањето да се одговори е „умерена и не содржи лишување од слобода“.
59. Во случајот Џелоу, Судот го споменал постоењето на соодветни гаранции во постапката. Во случаите каде присилните мерки предвидени во членот 172 од законот од 1988 г. се применети, Судот подвлекува дека, согласно членовите 172 § 4, регистрираниот сопственик на возило не е виновен за престап како што е назначено во членот 172 § 2 (a) доколку тој успее да докаже дека не го знаел идентитетот на возачот на возилото и дека, и покрај вложените напори, не можел да го дознае истиот. Делото така не се заснова врз објективната одговорност и ризикот од добивање несигурни признанија е оттука безначаен.
60. Што се однесува, пак, до начинот на кој биле употребени изјавите на жалителите, искажувањата на г-дин. Халран според кои тој управувал со возилото биле допуштени како доказ по однос на ова согласно членот 12 § 1 од законот од 1988 г. за лицата кои извршиле престап по основ на законот за безбедност на патниот сообраќај (став 27 наведен погоре) и обвинетиот бил осуден за надминување на максимално дозволената брзина. Во текот на постапката, тој се обидел да ја оспори допуштеноста на негово признание повикувајќи се на членовите 76 и 78 од законот од 1984 г. за полицијата и за доказите во кривичната постапка, но безуспешно. На обвинителството му преостанало да го докаже престапот без постоење на разумно сомневање во рамките на вообичаена правна постапка, која ги содржела гаранциите против користењето несигурни докази и докази добиени по пат на присила или пак друг нерегуларен начин (но која не овозможувала да се оспори допуштеноста на дадената изјава согласно членот 172), и обвинетиот можел да изкажува и да повикува сведоци доколку сакал. И во овој случај, како што е назначено во случајот Браун против Стот, идентитетот на возачот е само еден од елементите на извршениот престап на непочитување на брзинското ограничување, и не станува збор за донесување на обвинителна пресуда во основната постапка само врз основа на информациите добиени со повикување на членот 172 § 2 (a).
61. Со оглед на тоа дека г-дин Франсис одбил да ги достави бараните информации, никаква изјава од негова страна не можела да биде користена во рамките на соодветната постапка. Така, постапката поврзана со надминувањето на максимално дозволената брзина не била продолжена. Прашањето на употребата на изјавите во текот на кривична постапка не се беше поставило зашто одбивањето на осомничениот да ги достави бараните информации не било искористено како доказ: тоа самото го сочинувало прекршокот (Ален (Allen) против Обединетото Кралство (одл.), бр. 76574/01, ЕСЧП 2002-VIII).
62. Со оглед на сите околности на случајот, особено на специфичниот вид на прописи во прашање како и на ограничениот тип на побарани податоци во Известувањето за покренување на судска постапка согласно членот 172 од законот од 1988 г., Судот смета дека немало повреда на самата суштина на правото на жалителите да молчат и да не се самоинкриминираат.
63. Оттука, немало повреда на членот 6 од Конвенцијата.
C. Членот 6 § 2 од Коненцијата
64. Жалителите се повикале на членот 6 § 2 од Конвенцијата и на презумпцијата на невиност во рамките на нивните поднесоци, но не поднеле посебна жалба по однос на таа одредба.
65. Судот смета дека нема простор за разгледување посебно прашање во однос на членот 6 § 2 од Конвенцијата.
ЗАРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучи со петнаесет гласа против два дека немало повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата;
2. Одлучи едногласно дека никакво посебно прашање не произлегува по однос на членот 6 § 2 од Конвенцијата.
Изготвена на англиски и француски јазик, и донесена на јавна расправа во Зградата на човековите права на 29 јуни 2007 г.
Винсен Берже Жан-Пол Коста
Правен советникПретстедател
Согласно со членовите 45 § 2 од Конвенцијата и 74 § 2 од Деловникот на Судот, следните посебни мислења се ставени во анекс на оваа пресуда :
(a) согласно мислење на Судијата Борего Борего (Borrego Borrego);
(b) издвоено мислење на Судијата Павловски (Pavlovschi);
(c) издвоено мислење на Судијата Мијер (Myjer).
Ж.-П. К.
В. Б.
„Издвоените мислења не се преведени, но тие се достапни, во базата на податоци HUDOC за судската пракса на Судот, на англиски и/или француски јазик во верзијата/верзиите на официјален јазик од пресудата.”
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy