© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2014. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
CЛУЧАЈ O’KEEFFE против ИРСКА
(Жалба бр. 35810/09)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
28 јануари 2014 година
Оваа пресуда е конечна, но може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот O’Keeffe против Ирска,
Европскиот суд за човекови права, заседавајќи како Голем судски совет во состав:
Dean Spielmann, Претседател,
Josep Casadevall,
Guido Raimondi,
Ineta Ziemele,
Mark Villiger,
Isabelle Berro-Lefèvre,
Boštjan M. Zupančič,
Alvina Gyulumyan,
Nona Tsotsoria,
Zdravka Kalaydjieva,
Nebojša Vučinić,
Vincent A. de Gaetano,
Angelika Nußberger,
André Potocki,
Krzysztof Wojtyczek
Valeriu Griţco, судии,
Peter Charleton, ад хок судија,
и Michael O’Boyle, Заменик секретар,
Откако расправаше на затворени седници на 6 март и 20 ноември 2013 година,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на второспоменатата дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 35810/09) поднесена против Ирска до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита ан човекови права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на ирска државјанка, г-ѓа Louise O’Keeffe („жалителката“), на 16 јуни 2009 година.
2. Жалителката ја застапуваше г-н E. Cantillon, адвокат од Корк. Ирската Влада ја застапуваше нејзиниот агент, г-н P. White, oд Министерството за надворешни работи.
3. Жалителката во основа се жалеше по член 3 дека системот на основно образование не ѝ обезбедил заштита од сексуална злоупотреба од страна на наставник во 1973 година и, по член 13, дека таа немала ефикасен домашен правен лек во тој поглед. Таа исто така се повика на член 8 и член 2 од Протокол бр. 1 како и на тие две члена во врска со член 14 од Конвенцијата. Таа исто така се жалеше на должината на граѓанската постапка и за непостоењето на домашен ефикасен правен лек во тој поглед, повикувајќи се на член 6 и на член 6 во врска со член 13 од Конвенцијата.
4. Жалбата беше распределена на Петтиот оддел на Судот (правило 52, став 1 од Правилата на Судот). Судијата Ann Power-Forde, судија избрана од Ирска, се иззема од одлучување во Големиот судски совет (правило 28). На 13 јуни 2012 година Претседателот на Судскиот совет одлучи да го именува судијата г-н Peter Charleton за ад хок судија (член 26, став 4 од Конвенцијата, и правило 29, став 1 од Правилата на Судот).
5. На 26 јуни 2012 година Судски совет на тој оддел (составен од судиите Dean Spielmann, Mark Villiger, Karel Jungwiert, Boštjan M. Zupančič, Ganna Yudkivska, André Potocki и Peter Charleton, ад хок судија, како и Claudia Westerdiek, Секретар на оддел) го разгледа случајот. Судскиот совет едногласно ги избриша од листата на жалбени наводи наводите за должината на домашната постапка и непостоењето на ефикасен домашен лек во тој поглед, со оглед на пријателското спогодување [friendly settlement] кое странките го потпишаа по однос на овие прашања. Исто така, советот едногласно ги прогласи за допуштени останатите жалбени наводи.
6. На 20 септември 2012 тој Судски совет (Angelika Nußberger, судија заменик, ја замени Ganna Yudkivska која не можеше да учестува во понатамошното разгледување на случајот (правило 24, став 3)) ја отстапи надлежноста на Големиот судски совет, на што ниту една од странките не се противеше (член 30 од Конвенцијата и правило 72).
7. Составот на Големиот судски совет беше определен во согласност со одредбите на член 26, став 4 и став 5 од Конвенцијата и правило 24 од Правилата на Судот, а судијата Peter Charleton и натаму постапуваше како ад хок судија (член 26, став 4 од Конвенцијата и правило 29, став 1).
8. И жалителката и Владата доставија дополнителни писмени опсервации за основаноста на жалбата (правило 59, став 1). Покрај тоа, Ирската комисија за човекови права и Европскиот центар за право и правда добија дозвола од Претседателот на Судскиот совет (член 36, став 2 од Конвенцијата и правило 44, став 3) да се вмешаат во писмениот дел од постапката и нивните поднесоци до Судскиот совет беа приклучени кон досието за овој предмет пред Големиот судски совет.
9. Јавна расправа се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 6 март 2013 година (правило 59, став 3).
10. Пред Судот пристапија:
(a) за Владата
г-нP. White, Агент,
г-н F. McDonagh, Senior Counsel,
г-нC. Power, Barrister,Застапници,
г-ѓаS. Farrell, Канцеларија на Државниот правобранител
г-ѓаM. McGarry, Министерство за образование и стручно усовршување, Советници.
(б) за жалителката
г-нD. Holland, Senior Counsel,
г-нA. Keating, Senior Counsel,Адвокати
г-нE. Cantillon, Solicitor,
г-ѓаM. Scriven, Solicitor,Застапници.
На расправата исто така беше присутна и жалителктата.
11. Судот слушна обраќање од господата Holland и McDonagh.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
12. Жалителката е родена во 1964 година и живее во Корк, Ирска.
A. Контекст на случајот
13. Следните факти не беа спорни помеѓу странките.
14. Жалителката учела во националното училиште во Дандероу почнувајќи од 1968 година. Училиштето, преку повереници, била во сопственост на католичкиот бискуп на Диоцезата на Корк и Рос кој бил признат од Министерството за образование и наука („Министерството“) како „патрон“ [сопственик] на училиштето. Во име на бискупот, директор бил свештеник од локалната парохија („С“). Со оглед на тоа што С. бил во одминати години и со лошо здравје, локалниот свештеник („О“) бил де факто директор кој постапувал во име и во интерес на С. Употребата на зборот „директорот“ подолу во текстот се однесува и на О како и на функција која тој ја извршувал. Националното училиште во Дандероу имало два наставника, еден од кои бил („ЛХ“) главен наставник на училиштето, оженет. Дандероу било едно од четирите национални училишта во парохијата на жалителката.
15. Во 1971 година родителка се пожалила до директорот дека ЛХ сексуално го злоупотребил нејзиното дете. Поплаката не била пријавена во полиција, до Министерството или до било кој друг државен орган, ниту пак директорот презел нешто во врска со поплаката.
16. Од јануари до средината на 1973 година, жалителката била подложена на приближно 20 инциденти на сексуална злоупотреба од страна на ЛХ во текот на часовите по музичко образование во неговата училница. Во времето додека таа одела на тие часови, ниту жалителката ниту нејзините родители знаеле за поплаката од 1971 година во врска со ЛХ.
17. Во септември 1973 година други родители им кажале на родителите на жалителката за слични наводи во врска со ЛХ. После одржана родителска средба по тој повод со која раководел директорот, ЛХ отишол на боледување. Во септември 1973 година тој дал отказ. Споменатите наводи тогаш не биле пријавени во полиција, до Министерството или до било кој друг државен орган. Во краток разговор, мајката на жалителката ја прашала дали ЛХ ја допирал. Жалителката одговорила дека се случило нешто од сексуален карактер, но таа не се сеќавала дали разговорот продолжил понатаму. Во јануари 1974 година директорот го известил Министерството дека ЛХ дал отказ и го именувал лицето кое ќе го замени. Накусо после тоа ЛХ започнал да работи во друго државно училиште во кое предавал сè до неговото пензионирање во 1995 година.
18. Помеѓу 1969 и 1973 година, надлежниот инспектор го посетил државното училиште во Дандероу во шест наврати, што како што тој покасно сведочел, било почесто отколку просечниот број на посети. Тој се сретнал со ЛХ и С. Тој исто така присуствувал на родителски средби во врска со спојувањето на Дандероу кон други училишта. Никој не му се пожалил за ЛХ. Инспекторот ја анализирал работата на ЛХ и сметал дека е задоволителна.
19. Жалителката ја потиснала сексуалната злоупотреба. Иако имала значителни психолошки проблеми, таа не сметала дека тие се поврзани со злоупотребата. Во 1996 година таа била контактирана од полицијата која истражувала пријава поднесена во 1995 година од страна на поранешна ученичка на националното училиште во Дандероу против ЛХ. Жалителката дала изјава пред полицијата во јануари 1997 година и била испратена на психолошко советување. Во текот на истрагата повеќе други ученички дале изјави. ЛХ бил обвинет за 386 кривични дела сексуална злоупотреба врз 21 поранешнен ученик во училиштето во текот на околу десет години. Во 1998 година тој се изјаснил за виновен за 21 обвинителни точки и бил осуден на казна затвор. Неговата лиценца да држи настава била одземена од страна на Министерот за образование („Министерот“) согласно правило 108 од Правилникот за национални училишта од 1965 година („Правилникот од 1965 година“).
20. Во или околу јуни 1998 година, како последица на сведочењето на други жртви во кривичната постапка и подоцнежната лекарска терапија, жалителката ја увидела поврзаноста помеѓу нејзините психолошки проблеми и злоупотребувањето од страна на ЛХ и ја сфатила сериозноста на тие проблеми.
Б. Комисија за обештетување на жртви од штети предизвикани со кривични дела („КЖКД“)
21. Во октомври 1998 година жалителката поднесла барање за надомест на штета до КЖКД. Судија поединец доделил првичен надомест (44,814.14 евра („ЕУР“). Жалителката се жалела до совет на судии на КЖКД. Таа тврдеше дека КЖКД ѝ дала опција да продолжи со нејзината жалба (и да ризикува дека КЖКД ќе одлучи дека нејзиното барање е ненавремено) или да ја прифати првичната понуда на КЖКД со определени дополнителни трошоци (53,962.24 ЕУР, од кои 27,000 ЕУР се однесувале на нематеријална штета). Со допис од 5 ноември 2002 година жалителката ја прифатила понудата и ја прифатила стандардната обврска да го врати надоместот доделен од КЖКД со средства од било кој друг надомест добиен од било кој извор во врска со истата штета. Надоместот бил определен ex gratia. Со оглед на тоа што државата никогаш не е странка во постапка пред КЖКД, таа дознала за надоместот доделен од КЖКД покасно во постапката пред Високиот суд (види непосредно подолу).
В. Граѓанска тужба за надомест на штета (бр. 1998/10555P)
1. Високиот суд
22. На 29 септември 1998 година жалителката поднесла граѓанска тужба против ЛХ, Министерот како и против Ирска и Државниот правобранител, барајќи надомест за штетата која ја претрпела како последица на повреда на нејзиниот интегритет со насилство, посебно од сексуален карактер кое било извршено од ЛХ. Нејзиното барање против последните тројца обвинети ( [“the State Defendants”] „обвинети државни субјекти“) се однесувало на три основи (a) небрежност на државата поради тоа што обвинетите државни субјекти пропуштиле да одземат дозвола на училиштето, да истражат и да извршат надзор над училиштето и затоа што не вовеле соодветни мерки и процедури за заштита и стопирање на систематската злоупотреба извршувана од ЛХ почнувајќи од 1962 година; (б) одговорност на обвинетите државни субјекти за актите на ЛХ, затоа што помеѓу другото, фактичкиот однос помеѓу нив и државата бил однос на работодавач и работник; и (в) одговорност заснована на уставното право на жалителката на телесен интегритет, врз основа на обврската на обвинетите државни субјекти да обезбедат основно образование согласно член 42 од Уставот и мерките воведени за исполнување на таа обврска.
23. Со оглед на тоа што ЛХ не се бранел, на 8 ноември 1999 година жалителката добила пресуда против него. На 24 октомври 2006 година Високиот суд извршил проценка и доделил оштета која ЛХ требало да ја исплати во износ од 305,104 ЕУР: 200,000.00 ЕУР општа; 50,000.00 ЕУР штета за тешки повреди; 50,000.00 ЕУР за exemplary damages [надомест изречен за застрашување на тужениот да не предизвикува слична штета во иднина]; и 5,104.00 ЕУР како специјален надомест на штета. Жалителката повела извршна постапка, при што ЛХ тврдел дека нема доволно средства и била донесена одлука тој да ѝ исплаќа на жалителката по 400 ЕУР месечно. Првата рата ја добила во ноември 2007 година, така што до денес неа ѝ се исплатени 31,000 ЕУР. По нејзино барање дел од семејната куќа која ја поседувал ЛХ била ставена под хипотека.
24. Што се однесува на постапката против обвинетите државни субјекти, таа побарала професорот Ferguson да ја советува по прашањето за адекватноста на механизмите за заштита на децата во Ирска во седумдесеттите години на минатиот век. Тој одговорил со допис од 14 април 2003 година. Професорот Ferguson се согласил дека, ако протоколите за заштита на децата кои постоеле во 2003 година биле во сила во 1973 година, било многу веројатно дека би биле преземени мерки за случајот на жалителката на начин кој би осигурал заштита на нејзината благосостојба. Тој се плашел дека ако во постапката се застапува аргумент за што тоа државата требала да знае во тоа време би било неуспешна стратегија затоа што не би можело во минатото да се пренесе знаењето и системите за одговорност кои постоеле денес.
25. Расправата против обвинетите државни субјекти пред Високиот суд започнала на 2 март 2004 година. На 5 март 2004 година, додека жалителката сведочела, судијата на Високиот суд во одговор на жалбениот навод на жалителката за непостоење на државен систем за пријавување и постапување по наводи за сексуална злоупотреба во националните училишта, го запрашал адвокатот на жалителката:
„Какви докази имам, или што требаше да заклучам од доказите досега, дека или системот кој постоел бил лош, и јас ќе се навратам на тоа, или дека имало алтернативен систем кој требало да биде применет, и кој би бил тој алтернативен систем.“
26. По завршувањето на аргументите на жалителката, обвинетите државни субјекти побарале бришење на предметот од листата на предмети затоа што од страна на жалителката не биле докажани prima facie трите основи на кои се повикувала, истакнувајќи, помеѓу другото, дека немало докази за небрежност на државните субјекти. На 9 март 2004 година Високиот суд го прифатил барањето на обвинетите државни субјекти, затоа што судот „бил убеден дека тужителката не докажала небрежност од страна на обвинети државни субјекти (“non-suit” order). Судот не направил разлика ниту пак било побарано од него да направи разлика помеѓу двете основи на аргументот за небрежност. Сепак, имало prima facie докази по прашањето за одговорноста за акти на друго лице и уставната одговорност и затоа ќе се побарале докази од обвинетите по тие прашања. Судењето завршило на 12 март 2004 година.
27. На 20 јануари 2006 година Високиот суд донел пресуда. Тој заклучил дека не настапила застареност на тужебното барање. Исто така судот заклучил дека државата не била одговорна по основ на одговорност за друго лице за сексуалните напади извршени од ЛХ со оглед на односот на државата и менаџирањето на национални училишта од страна на лица од верски заедници. Иако адвокатот на жалителката усно сугерирал дека државата треба да одговара за непостапувањето на директорот, Високиот суд не се осврнал на тој навод. На крај Високиот суд, заклучил дека не можело да се води постапка за повреда на уставно право кога постоечките закони (во овој случај, оние кои се однесуваат на граѓанска одговорност за штета [tort]) го штителе тоа право. Жалителката била задолжена да ги надомести судските трошоци на oбвинетите државни субјекти.
2. Врховен суд (O’Keeffe v. Hickey, [2008] IESC 72)
28. Во мај 2006 година жалителката се жалела пред Врховниот суд. Во нејзината декларација за поднесување жалба [Notice of Appeal] таа се жалела на тоа што не била утврдена одговорност на државата за друго лице и се осврнала на две прашања: недавањето на образложение за меѓупресудата од 9 март 2004 година и тоа што со пресудата на понискиот суд не било одлучено за одговорност за акти на друго лице поради непостапувањето на директорот. Судијата Hardiman ја опишал жалбата како жалба лимитирана на барање на одговорност на државата за актите на ЛХ и директорот, иако во неговата пресуда коментирал и за останатите два првични навода на жалителката (директна небрежност и наводот за уставна одговорност). Судијата Fennelly исто така сметал дека жалбата се однесува само на одговорноста на државата за актите на ЛХ, иако тој одбил да прифати дека државата била одговорна за директорот.
29. Жалбата била разгледана 11-13 јуни 2006 година. Со пресуда усвоена со мнозинство гласови на 19 декември 2008 година (Hardiman и Fennelly JJ, со кои се согласиле Murray CJ и Denham J, а Geoghegan J имал спротивставено мислење), Врховниот суд ја одбил жалбата.
30. Судијата Hardiman J детално го опишал правниот статус на националните училишта. Иако уредувањето на образованието во национални училишта можело „да се чини прилично чудно од денешен аспект“, тие морало да бидат сфатени во контекст на ирската историја во почетокот на деветнаесеттиот век. После верскиот конфликт и подоцнежнота католичка еманципација во 1829 година, спротивставените цркви и Католичката црква сакале да се осигураат дека децата од нивна вера ќе бидат едуцирани во училишта под контрола на конкретната вера, а не од страна на државата или Англиканската црква. Тие цркви имале „забележителен успех“ во постигнувањето на таа цел: од самиот почеток на ирскиот систем на државно образование (изразен во „писмото на Стенли“ [“Stanley letter”] oд 1831 година), државните органи го финансирале системот на државно образование „но, без мешање во менаџирањето или управувањето на институциите“. Управувањето му било препуштено на директорот кој обично бил локален свештенил. Иако државни средства биле делени по пропорционална основа за сите верски училишта, населението во тоа време било во голема мера католичко, така што мнозинството на национални училишта имале католички сопственици и директори.
31. Судијата Hardiman J понатаму го сметал за „забележителен“ фактот што, додека во Европа во 19-ти век имало посилни поделби помеѓу црквата и државата и влијанието на црквата во обезбедувањето на јавни сервиси (вклучително и на образование) се намалувало, во Ирска положбата на црквата станала посилна и повеќе се етаблирала. Тој се согласил со сведочењето на еден вештак (за историјата на образованието во Ирска) кој ја опишал состојбата после почетокот на Ирската Слободна Држава во 1922 година и во однос на „менаџирањето“ го кажал следното:
„[католичките менаџери] биле исклучително јасно и апсолутно ... прецизни во начинот на кој ја толкувале ситуацијата на националните училишта во новата држава Ирска ... Морало католичките училишта да бидат под католичко менаџирање, со католички наставници, ученици католици.“
32. Вештакот понатаму го опишал одговорот на Католичката црква во педесеттите години на минатиот век на барање на синдикат на наставници локалните комитети да ги одржуваат/поправаат училишните згради. Католичката црква одговорила дека не можело да има никакво мешање во „наследенета традиција на управувачки права во образованието’. Воздржаниот предлог на синдикатот се сметал како врв на сантата лед затоа што, во догледно време, со следен предлог можело да се бара мешање во „други аспекти на моќта на управителот во однос на именување и отпуштање на наставници што се разбира било клучна придобивка за која во минатото црквата се борела и се изборила“. Судијата Hardiman J се повикал на „итна желба“ на верските заедници да ја задржат нивната улога во основното образование.
33. Судијата Hardiman J објаснил дека Уставот ја одразувал оваа управувачка структура: обврската во член 42, став 4 државата да „организира“ бесплатно основно образование одразувала образовен систем во најголем дел финансиран од државата, но во целост управуван од свештени лица. Како последица на тоа имало приближно 3000 национални училишта во Ирска: повеќето биле под контрола на католички сопственици и директори, неколку под контрола на други религиозни групи и уште помалку под контрола на нерелигиозни групи.
34. Судијата воочил дека, во поново време и после повеќе од еден век и половина, обезедувањето на образованието било со задоцнување, и барем, делумно поставено на законска основа со Законот за образование од 1998 година: пред тој закон системот бил управуван согласно Правилникот од 1965 година како и други министерски писма, циркуларни писма и ноти.
35. Во одност на она што можело да се заклучи од Правилникот од 1965 година, судијата Hardiman J воочил:
„Министерот вовел правила за национални училишта, но тие биле од генерален карактер и не му дозволувале тој да управува со деталните активности на поединечен наставник. Министерот вршел инспекција на училиштата во поглед на образовен успех, освен во однос на верска настава, но тој не можел да преземе ништо надвор од тоа. Нему му била оневозможена директна контрола над училиштата и огромната моќ која таа контрола ја дава, затоа што „помеѓу државата и детето постоел директор или комитет или училишен одбор“. Исто така, Министерот не го именувал директорот или наставникот ниту пак вршел директен надзор над нив. Тоа всушност била суштината на „системот на управување“. Од доказите кои беа изведени, јас не можам да видам дека тој имал било каков простор да даде лично мислење за било кое од тие лица. Понатаму, се чини дека родителите кои се жалеле за првообвинетиот инстинктивно потврдиле дека директно овластување да ја примат поплаката и да преземат нешто во врска со неа бил директорот номиниран од свештенството кој и самиот бил свештено лице. Според доказите, не биле поднесени жалби до Министерот ниту до било кој друг државен орган. Прашањето било решено, може така да се каже, „интерно“ во согласност со желбите на подносителите. Крајниот резултат на постапката бил доброволно давање октаз од страна на ЛХ, по што тој бил вработен во друго училиште во околината.
Сите овие фактори со кои се настојува да се оддалечи Министерот и државните органи од управувањето со училиштето и контролата врз првообвинетиот се директни последици на одамна воспоставениот образовен систем, опишан погоре и предвиден со Уставот според кој Министерот обезбедува финансии, и во определена мерка ги регулира, но училиштата и наставниците се контролирани од нивните директори и сопственици од верските заедници. Не е задача на Судот ниту да го поддржи ниту да го критикува тој систем, туку само да го регистрира неговото постоење и очигледниот факт дека тој систем им оневозможува на Министерот и на државата да имаат директна контрола врз училиштата, наставниците и учениците.“
36. Судијата Hardiman J забележал дека сексуалната злоупотреба на ученик била негација на професионалните обврски на ЛХ, но тој исто така заклучил дека во 1973 година „тоа било невообичаен акт, кој претставувал табу тема и кој сигурно не можел да се смета за обичен предвидлив ризик поврзан со одењето на училиште“. Тој сметал дека тоа што жалителката не го тужела сопственикот на училиштето, диоцезата во која тој бил бискуп, неговите наследници, поверениците на имотот на диоцезата на Корк и Рос (сопственици на училиштето), директорот или нивните наследници било „забележителен факт“.
37. Судијата Hardiman J заклучил дека со оглед на релевантниот критериум за утврдување на одговорност за акти на друго лице и на погоре опишаниот систем на контрола и управување на националните училишта, обвинетите државни субјекти не биле одговорни за штетата која ѝ биле нанесена. Поконкретно, дури и со примена на поширокото сфаќање на одговорноста за акти на друго лице, со тоа што Министерот немал директна контрола над ЛХ, која им била многу одамна дадена на директорот и сопственикот, не можело да се најде одговорност на Министерот. Односот помеѓу ЛХ и државата – „тристран однос со Црквата“ – бил во целост sui generis и последица на посебното историско искуство на Ирска. Директорот бил:
„номиниран од сопственикот, значи не по предлот на Министерот и тој не го информирал Министерот за било какви проблеми или поплаки за ЛХ, ниту за неговиот отказ и именување за наставник на друго место, сè додека тоа не било завршено.Тој не бил службеник на Министерот, туку на Католичката црква, во чиј интерес Министерот бил отстранет од управувањето со училиштето.“
38. Судијата Hardiman J коментирал за првите два наводи на жалителката „на кои не бил даден одговор“.
39. Во однос на наводот за небрежност на државата, тој забележал дека:
„... ова е навод кој е посоодветно да биде поднесен против директорот. Тој имал овластување да воведе соодветни мерки и процедури со кои се регулира работењето на училиштетот. Министерот тешко може да биде одговорен за тоа што пропуштил да „стопира“ дејствија за кои не знаел дека биле извршени.“
40. Што се однесува за наводот за одговорност на државата во обезбедувањето на основно образование согласно член 42 од Уставот и мерките воведени за исполнување на таа обврска, судијата Hardiman J кажал:
„Јас веќе ја анализирав формулацијата на член 42 од кој може да се види дека Министерот, во случајот на национално училиште, само давал помош и субвенции да приватните и правни лица (Католичката црква), препуштајќи им го ним раководењето на училиштето. На тој начин, како што судијата Kenny посочи во Crowley v. Ireland [1980] I.R. 102], на Министерот му е оневозможена контрола на образованието со поставувањето на сопственикот и директорот помеѓу него и децата. Овие лица, и особено директорот, се во многу поблизок и почест контакт со училиштетето отколку Министерот или Министерството.
Јас сметам дека одредбите на член 42, став 4 не може да се толкуваат дека од Министерот се бара нешто повеќе од „да ги субвенционира и да ги поддржува во мерка која е разумна образовните иницијативи, преземени од приватни или правни лица, „со цел да се обезбеди бесплатно основно образование“. ... Според мене Уставот конкретно не предвидува делегирање, туку предавање на фактичкото раководење со училиштата на интересите на сопственикот и директорот.“
41. Судијата Hardiman J завршил нагласувајќи дека немало ништо во пресудата што би можело да се толкува дека сугерира одговорност од страна на Црквата, и, дека во секој случај, тоа не било ни можно затоа што органите на католичката црква не биле повикани пред Врховниот суд затоа што жалителктата не ги тужела.
42. Судијата Fennelly J, кој бил дел од мнозинството судии кои гласале за пресудата, започнал со забелешка дека трагедијата на злоупотребување на положба кон деца со цел тие да бидат сексуално злоупотребени го потресла општеството до темел. Кривичните судови и Врховниот суд биле преокупирани со случаи на сексуална злоупотреба многу години и било изненадувачки што тој суд бил соочен по прв пат со прашања поврзани со одговорноста на институциите вклучувајќи ја државата за сексуална злоупотреба на ученици во национално училиште од страна на наставник.
43. Судијата Fennelly J исто така ја опишал историјата и правниот статус на националните училишта, систем кој продолжил да функционира и по независноста во 1922 и по донесувањето на Уставот во 1937 година. Тој се согласил со сведочењето на вештаците дека не се работело за државен систем, туку за „систем поддржан од државата“. Тој укажал на јасната поделба на надлежности помеѓу државата (финансирање и утврдување на наставната програма) и директорот (секојдневно раководење со училиштето, вклучувајќи вработување и отпуштање на наставници), воочувајќи дека различните верски заедници биле решени да го зачуваат и бранат нивното верско образование така што националните училишта се развивале по религиозна основа.
44. Тој сметал дека инспекторите се елемент од клучна важност за системот на државен надзор и одржување на стандарди кој му овозможувал на Министерот да се осигура во квалитетот на системот. Сепак, тој забележал дека инспекцискиот систем не ја менувал поделбата на надлежности помеѓу државата и директорот, а инспекторите немале овластување да ги раководат наставниците при вршењето на нивните должности. Правилникот од 1965 година ја одразувал оваа поделба на одговорности помеѓу Црквата и државните органи. Иако во поново време, државата имала поголема улога, одговорноста за секојдневното управување со училиштата останувала во рацете на директорот. Тој заклучил дека државата не била одоговорна за актите на ЛХ ниту, од истите причини, за пропуштањето од страна на директорот да ја пријави поплаката од 1971 година до државните органи. ЛХ не бил вработен од државата, туку, согласно закон, од страна на директорот. Иако ЛХ морал да ги има квалификациите предвидени од Министерот и морал да го почитува Правилникот од 1965 година и иако државата имала дисциплински овластувања во тој поглед, ЛХ не бил ангажиран од државата и државата не можела да го отпушти..
45. Навраќајќи се на споменувањето во декларацијата за поднесување на жалба на одговорноста на државата за тоа што директорот на ја пријавил поплаката од 1971 година, судијата Fennelly J заклучил дека „Од истата причина, и во онаа мерка во која е потребно да се прецизира, не може да има одговорност за тоа што директорот не ја пријавил поплаката од 1971 година. Директорот не бил работник на второобвинетиот.“
46. Судијата Geoghegan J не се согласил со мнозинството судии. Тој се согласил дека ниту Министерството, ниту неговите инспектори знаеле за сексуалната злоупотреба. Тој воочил дека во пракса, основното образование во Ирска воглавно било заеднички потфат на Црквата и државата и тој сметал дека тој однос бил таков да имало доволно поврзаност помеѓу државата и создавањето на ризик од злопотреба за да државата може да сноси одговорност, повикувајќи се посебно на улогата на инспекторите. Тој ги анализирал сведочењата на инспекторите и сведочењата кои се однесувале на нивната улога, воочувајќи помеѓу другото, дека ако навод за сексуална злоупотреба од страна на наставник врз ученик во национално училиште се сметал за основан во истрага отворена од страна на Министерството, тоа можело да доведе до одземање на одобрение, или полициска истрага, и, ако полицијата заклучела дека пријавата е основана, до одземање на лиценцата на наставникот за држење на настава.
47. Со пресуда од 9 мај 2009 година Врховниот суд ја поништил одлуката на Високиот суд жалителката да ги надомести трошоците на обвинетите затоа што не било спорно дека нејзиниот случај бил важен и сложен пилот случај [test case]. Судот одлучил дека секоја странка треба да ги сноси своите трошоци од постапката.
48. Жалителката имала адвокат во текот на граѓанската постапка, иако не ѝ била доделена правна помош.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
A. Систем на основно образование во Ирска
1. Контекст
49. Судот упатува на описот на историјата и структурата на системот на национални училишта за основно образование даден од страна на Врховниот суд во овој случај (O’Keeffe v. Hickey, [2008] IESC 72) и особено, описот на судиите Hardiman и Fennelly JJ (параграфи 30-35 и 42-44 погоре).
50. Член 4 од Законот за одење на настава од 1926 година [School Attendance Act 1926] им наложувал на родителите да осигураат дека нивните деца учат во национално училиште или друго соодветно училиште, освен ако имало основана причина за тие да не го прават тоа, во кои причини спаѓал фактот дека детето следело соодветно основно образование на друго место, дека не било достапно национално училиште за кое родителот немал приговор по верска основа или дека детето не можело да оди на училиште од некоја друга оправдана причина. Затоа посетувањето на настава било задолжително за сите деца од 6 до 14 години до 1969 година, кога официјалната возраст за завршување на задолжително образование била променета на 16 години. Основното образование во Ирска е бесплатно од деветнаесеттиот век.
51. Големото мнозинство на деца кои следеле настава од основно образование учеле во „национални училишта“ кои се установи за основно образование финансирани од државата и со религиозно раководство. Извештаите на Министерството за 1972-1973 и за 1973-1974 година посочуваат постоење на 3776 и 3688 национални училишта, за секоја учебна година соодветно. Статистичкиот извештај на Министерството за февруари 1973 година посочува дека 94% од основните училишта биле национални училишта. Според Извештајот за инвестирање во образованието од 1965 година за учебната 1962/63 година, 91% oд националните училишта биле управувани од католички свештеници и во нив учеле 97.6 % oд учениците во национални училишта, а 9% биле под протестантско раководство, и во нив учеле 2.4% oд учениците во национални училишта. Извештај на Министерството од 2011 година воочува дека приближно 96% од основните училишта и натаму биле во верска сопственост и управување (вклучувјќи 89.65 % во католичка сопственост и раководење).
52. Во учебната 1963/1964 година имало 192 приватни основни училишта кои не биле финансирани од државата со приближно 21,000 деца кои биле околу 4-4.5% од вкупниот број ученици во основни училишта. Големото мнозинство од тие училишта биле во урбани подрачја, од кои голем дел биле во Дублин.
53. Извештајот на Комисијата за образовни установи за ревидираните критериуми за отворање на нови основни училишта [Commission on School Accommodation’s Report on the Revised Criteria for the Establishment of New Primary Schools] во февруари 2011 година, потврдил дека, до седумдесеттите години на минатиот век, единствениот избор кој родителите го имале практично било локалното национално училиште. Според извештајот до крајот на седумдесеттите имало показатели за промени со отворањето во 1978 година на првото мултирелигиозно училиште и зголемување на употребата на ирскиот јазик во интер/мултирелигиозните училишта.
2. Уставот од 1937 година
54. Член 42 е насловен „Образование“ и гласи:
„1. Државата потврдува дека примарен и природен едукатор на детето е семејството и гарантира дека ќе го почитува неотуѓивото право и должност на родителите да обезбедат, согласно нивните можности, верско и морално, интелектуално, физичко и социјално образование на нивните деца.
2. Родителите можат да го обезбедат тоа образование во нивните домови или во приватни училишта или во училишта признати или основани од државата.
3(1) Државата нема да ги обврзува родителите да ги запишуваат нивните деца во училишта основани од државата спротивно на нивната совест и законит избор, или во било кој посебен тип на училиште предвидено од државата.
(2) Сепак, државата како чувар на општите интереси, со соглед на фактичките услови ќе наложува децата да добијат определен минимум на морално, интелектуално и социјално образование.
4. Државата ќе обезбеди бесплатно основно образование и ќе настојува да субвенционира и да дава помош во разумна мерка на образовните установи на приватни и правни лица, и, кога тоа го наложува јавното добро, да обезбеди други образовни структури или установи со должно земање предвид на правата на родителите, посебно во прашања на верско и морално образование.
5. Во исклучителни случаи, кога родители од физички или психолошки причини, не ја исполнуваат својата должност кон децата, државата како чувар на општото добро, со соодветни мерки ќе настојува да ги замени родителите, но секогаш со должна почит за природните и неотуѓиви права на детето.“
55. Во McEneaney v. the Minister for Education ([1941] IR 430), Врховниот суд забележал дека „повеќе од еден век е потврдено дека организирањето на основно образование е национална обврска“. Член 42, став 4 на децата им давал право да добиваат бесплатно основно образование и зборовите „да обезбеди“ значеле дека државата не била должна да ги образува децата, туку дека требала да гарантира дека ним им е обезбедено соодветно образование (Crowley v. Ireland [1980] IR 102).
3. Релевантно законодавство
56. Законот за деца од 1908 година ја регулирал заштитата на децата и предвидувал интервенција од страна на државата преку одземање на детето и ставање под нејзина заштита во случај на злоупотреба во семејството. Законот за образование од 1998 година („Законот од 1988 година“) бил првиот сеопфатен закон за образование од основањето на државата. Со него се дава законска основа на карактеристиките на системот на основно образование (државно финансирање/приватно управување), без да се воведат суштински промени на тој систем.
4. Правилник за национални училишта („Правилникот од 1965 година“) и релевантни циркуларни писма на Министерството
57. Правилата кои важеле пред прогласувањето независност во 1922 година се применувале за националните училишта сè додека Правилникот од 1965 година не бил усвоен од страна на Министерството. Иако Правилникот од 1965 година не бил ниту примарно, ниту секундарно законодавство, тој има правна сила и е дел од важечкиот законски систем (Brown v. Board of management of Rathfarnham Parish National School ([2006] IEHC 178). Поинаку, Министерството го регулирало ова прашање во рамките на негова надлежност со ноти, циркуларни писма и други службени инструменти. Министерот можел да му одземе дозвола на училиштето или лиценцата на наставник за држење настава ако не бил почитуван Правилникот од 1965 година (правило 30 и правило 108 од Правилникот од 1965 година).Директори и училишни одбори
58. Правило 15 од Правилникот од 1965 година предвидувало дека директорот бил задолжен за директното управување со училиштето, именувањето на наставници и со одобрение на Министерот, за нивно отпуштање. Директорот требало да го посетува училиштето и да гарантира дека Правилникот од 1965 година бил почитуван (правило 16). Под контрола на директорот, главниот наставник бил одговорен за дисциплината, контролата врз други наставници и за сите прашања поврзани со училишните активности (правило 123(4)).
59. Правило 121 ги наведувало правилата за однесување на наставниците: тие биле должни, помеѓу останатото, да постапуваат во духот на почитување на законот, да обрнуваат огромно внимание на моралното и општото однесување на учениците, да ги преземат сите разумни мерки за да ја осигураат безбедноста на нивните ученици, и да ги спроведуваат законитите наредби издадени од директорот. Правило 130 наложувало наставниците да обрнуваат постојано внимание на општата благосостојба на учениците, да постапуваат со нив со добрина, но и со строгост, и да раководат со нив преку нивните чувства и разум, а не со суровост.
60. Во денешно време повеќето основни училишта имаа училишни одбори. Со циркуларно писмо на Министерството (16/76) биле регулирани таквите одбори, сè додека со Законот од 1998 година не се создала законска основа. Член 14 од тој Закон предвидува дека должност на сопственикот е да именува одбор, кога е тоа изводливо и во согласност со „начелото на партнерство“, составот на тој одбор е предмет на согласност помеѓу Министерот и партнерите во образовниот процес. Одборите се правни лица така што тие може да тужат и да бидат тужени.
6. Инспектори
61. Правилникот од 1965 година предвидувал дека Министерот и лицата овластени од него (инспекторите) можат да ги посетуваат и испитуваат училишта во било кој момент (правило 11). Правило 161 ги дефинирало инспекторите како агенти на Министерот кои биле должни на Министерот да му достават такви локални информации какви што побарал Министерот за практично раководење со училишниот систем. Тие биле должни на директорите и наставниците да им посочат на правила за кои тие сметаат дека се прекршени. Тие имало право да комуницираат со директорот во врска со општата состојба на уучилиштето „или за прашања кои го изискуваат вниманието на директорот во врска со општата состојба на училиштето, при што можеле да даваат сугестии кои тие сметаат дека се неопходни’. Инспекторот бил должен да прави чести ненајавени посети на училиштата под негова надлежност и да има задолжителни годишни посети за оценување на работата на наставниците. Циркуларното писмо 16/59 им давало насоки на инспекторите во врска со нивната улога во однос на директорите и наставниците, за начинот на кој ненајавените и општите инспекции се спроведувале и во однос на оценувањето на работата на наставниците.
7. Поплаки
62. Со директива од 6 мај 1970 година се објаснува праксата која треба да се следи во врска со поплаки против наставници. Подносителот требало да се извести дека прашањето е во надлежност на директорот, во прв степен и да се замоли да прецизира дали директорот бил известен за поплаката. Директорот морал да побара одговор од засегнатиот наставник и да го достави тој одговор, заедно со неговите лични ставови (на директорот) до Министерството. Заменик главниот инспектор во Министерството потоа би проверил дали е потребно спроведување на истрага. Ако тоа било случај, инспекторот требало да го испита директорот, наставниците и родителите. Ако истрагата доведела до релевантни заклучоци против наставникот, правилото 108 го овластувал Министерот да преземе мерки против наставникот ако тој постапил лошо или не го почитувал или одбиел да го почитува Правилникот од 1965 година. Министерот можел да подигне обвинение против наставникот, да му ја одземе лиценцата за држење настава и/или да не му н исплати или да ја намали платата. Како што беше воочено погоре, директорот можел да го отпушти наставникот, под услов Министерот тоа да го одобри.
Б. Казнено право и поврзани прашања
63. Сексуалната злоупотреба на малолетно лице била забранета со член 50 и член 51 од Законот за кривични дела против личноста од 1861 година [Offences Against the Person Act 1861] (со измени). Законот за изменување на кривичниот закон од 1935 година [Criminal Law (Amendment) Act 1935] („Законот од 1935 година“) бил предвиден заради воведување на нови одредби за заштита на млади девојчиња и за изменување на законот во врска со кривични дела од сексуален карактер. Член 1 и член 2 од Законот од 1935 година ги вовел кривичните дела повреда на честа на девојчиња помлади од петнаесет години и девојчиња помеѓу 15 и 17 години. Член 14 од Законот од 1935 исто така предвидува дека:
„Оној кој е обвинет за повреда на честа на лице помладо од петнаесет години нема да може да се брани докажувајќи дека тоа лице се согласило на актот за кој се тврди дека претставува таква повреда.“
Како последица на тоа, девојче под петнаесет години не може да даде согласност за било каков облик на телесен однос и таквиот однос бил (и сè уште е) кривично дело. Таквите акти не потпаѓаат само во дефиницијата на претходноспоменатите кривични дела, туку претставуваат и обични кривични дела.
64. За овие дела во Ирска не бил предвиден рок за застареност на кривичното гонење така што извршителот можел да биде гонет до крајот на неговиот/нејзиниот живот.
65. Жртва на кривично дело може да побара надомест за штета претрпена како последица на насилно кривично дело согласно Програмата за надомест на повреди на личноста настанати со кривично дело [Scheme of Compensation for Personal Injuries Criminally Inflicted]. Програмата ја спроведува Комисија за обештетување на жртви од штети предизвикани со кривични дела („КЖКД“). Рокот за поднесување на барање е три месеци, но тој може да биде продолжен. Првата одлука се носи без одржување на расправа и расправата при одлучување по жалба е затворена за јавноста и се води пред еден од одделите на КЖЖД, Одлуката по жалба е правосилна. Надоместот се доделува ex gratia. Со него се покриваат трошоци и загуби (трошоци и фактури минус социјални придонеси или плата примени во текот на боледување) и до 1986 година и нематеријална штета.
В. Граѓанско право и поврзани прашања
66. Граѓански деликт [tort] настанува кога некое лице на друго лице ќе му нанесе штета која доведува до деликтна одговорност на сторителот. Деликтот од небрежност налага постоење на докази дека постоела должност за грижа [duty of care] помеѓу тужителот и тужениот (вклучувајќи и формирање на однос од таква блискост помеѓу странките да тој наложува должност за грижа на едната страна за другата), дека таа должност била повредена и дека таа повреда е причина за настанатата штета (на пример, случај Beatty -v- The Rent Tribunal, [2005] IESC 66).
67. Одговорност за трето лице е припишување на одговорност на лице или субјект кој не ја предизвикал повредата и кој може да нема вина за таа повреда, но кој е во посебен правен однос со лицето кое ја предизвикало повредата и кое виновно за таа повреда, склучително и поради небрежност. Правен однос кој може да доведе до таква одговорност е односот помеѓу работодавачот и работникот.
68. Исто така можно е повикување на Уставот за барање на надомест на штета против друго лице за повреда на уставни права. Во Meskell v. CIÉ [1973] IR 121), судот кажал дека:
„... ако на некое лице му е предизвикана штета како последица на повреда или прекршување на уставно право тоа лице има право да побара обештетување од лицето или лицата кои го прекршиле тоа право.“
Судиите дозволуваат такви барања засновани на Уставот само кога постои правна празнина во постоечкото право за граѓанска одговорност.
Г. Јавни истраги и промени во областа на заштитата на детето
1. Извештајот Carrigan од 1931 година
69. Комитетот Carrigan бил именуван во 1930 година да испита дали на определени кривични закони им биле потребни измени и да даде предлози за справување со „проблемот на малолетничка проституција“. Комитетот одржал 17 седници и сослушал 29 сведоци, а исто така разгледал и други писмени поднесоци.
70. На 20 август 1931 година Комитетот го доставил својот финален извештај до Министерот за правда. Со извештајот се препорачувала комбинација на социјални и легислативни реформи во однос на, помеѓу другото, кривични дела од сексуален карактер извршени врз малолетници.
71. Началникот на полицијата бил важен сведок пред Комитетот. Пред да сведочи, тој доставил статистички податоци кои ги собрал од одговори на циркуларно писмо кое тој го испратил до повеќе од 800 полициски станици за кривичното гонење на кривични дела против половата слобода од 1924 до 1930 година вклучително и за кривичното дело „повреда на честа, сексуални односи или силување“ на девојчиња на возраст под десет години, помеѓу 10 и 13 години, помеѓу 13 и 16, помеѓу 16 и 18 и над 18 години. Тој доставил детална анализа на тие податоци воочувајќи, помеѓу другото, дека имало „алармантен број на кривични дела против половата слобода кој се зголемувал секоја година, меѓу кои и полов напад врз девојчиња и деца од шеснаесет години и помлади, вклучувајќи и голем број на случаи на деца под 10 години“. Тој сметал дека помалку од 15% од таквите кривични дела биле кривични гонети од повеќе причини, вклучувајќи и тоа што родителите не биле подготвени да го отворат случајот од многу причини.
72. По препорака на Министерството за правда (во меморандум, приклучен кон извештајот), ниту изјавите дадени пред комитетот, ниту извештајот на Комитетот Carrigan не биле објавени. При таквата препорака, Министерството за правда го критикувало извештајот во неколку аспекти и воочил дека очигледниот заклучок кој требало да се изведе од тој извештај бил дека чувствата на пристојност и влијанието на религијата во Ирска биле неуспешни и дека единствениот лек биле полициски мерки. Дебатата за извештајот се водела пред парламентарна комисија. Биле имплементирани неколку препораки вклучувајќи го усвојувањето на Законот за измени на кривичниот закон од 1935 година (параграф 63 погоре). Документите на Министерството за правда во врска со овој извештај биле објавени во 1991 година. Дополнителни архивски документи биле објавени во 1999 година.
2. Воспитно-поправни училишта и училишта за стекнување на вештини за деца без родителска грижа [Reformatory and industrial schools]
73. Воспитно-поправните училишта биле основани во педесеттите години на 18-от век, а училиштата за деца без родителска грижа во шеесеттите години на истиот век. Овие училишта биле воглавно под управа на постоечките религии и финансирани од државата. Во првиот вид на училишта учеле млади извршители на кривични дела, но тие училишта биле во мал број. Сепак, имало 50 или повеќе училишта за деца без родителска грижа кои биле училишта во кои децата стекнувале вештини: децата добивале сместување, облека, храна како и настава (член 44 од Законот за деца од 1908 година). Од 1936 година до 1970 година, вкупно 170,000 деца и младинци (вклучувајќи и 1.2% од релевантната старосна група) се запишале во такви училишта. Просечна должина на престој во тие училишта била седум години. Големото мнозинство на деца биле примени во тие училишта затоа што имало „потреба за тоа“ и други најчести причини биле инволвираност во кривично дело или непосетување на настава во училиште. За секоја од овие причини била потребна одлука на Окружен суд. Член 7 од Прописот за училишта за деца без родителска грижа од 1933 година предвидувал дека општата настава на децата ќе биде во согласност со програмата на националните училишта и предвидувал препорачано времетраење и на општата настава и на стекнувањето на вештини за работа.
3. Извештајот Cussen и извештајот Kennedy за воспитно-поправни училишта и училишта за деца без родителска грижа
74. Извештајот Cussen кој се однесува на работењето на воспитно-поправните училишта и училиштата за деца без родителска грижа, објавен во 1936 година, бил подготвен по барање на државата. Со извештајот се поддржува постоечкиот систем под услов да се имплементираат 51 заклучок и препораки. Системот останал воглавно непроменет, додека нов Комитет, формиран од државата и со кој претседавала судијата Eileen Kennedy, не ги анализирал овие училишта. Извештајот Kennedy бил објавен во 1970 година, кога системот на овие училишта функционирал со сè повеќе проблеми. Било препорачано затворање на определени училишта и биле дадени други предлози за промени. Со извештајот, особено се заклучило дека инспекцискиот систем бил сосема неефикасен и се препорачувало основање на независно законско тело за да се осигураат највисоките стандарди за грижа за децата и кое ќе постапува, помеѓу другото, како институција за надзор како и други механизми за пријавување.Извештајот Ryan за воспитно-поправни училишта и училишта за деца без родителска грижа
75. Откако некои настани допреле до јавноста и после контроверзни дебати во јавноста при крајот на осумдесеттите години на минатиот век и почетокот на деведесеттите години на тој век во врска со злоупотреба на деца од страна на свештени лица во Ирска, Премиерот ја дал следната писмена изјава во 11 мај 1999 година:
„Во име на државата и на сите граѓани на државата, Владата сака да изрази искрено, иако навистина закаснето извинување на сите жртви на злоупотреба на деца за што сите заедно не интервенираме, не ја откривме нивната болка, не ги спасивме.“
76. Законот за Комисија за истрага на злоупотреба на деца бил донесен во 2000 година (изменет во 2005). Комисија (која покасно станала позната како Комисијата Ryan) спровела истрага и известила за злоупотреба на деца (вклучувајќи и сексуална злоупотреба) воглавно во воспитно-поправни училишта и училишта за деца без родителска грижа. Со оглед на тоа што имало релативно малку воспитно-поправни училишта, работата на Комисија се однесувала најмногу на училишта за деца без родителска грижа.
77. Мандатот на Комисијата се однесувал воглавно на периодот од 1930 до 1970 година, перидот помеѓу извештаите Cussen и Kennedy. Докази се прибирале девет години и во нив спаѓале обемна документација, наоди на вештаци како и сведочење на околу 1500 подносители на поплаки. „Комитетот за истрага“ [“Investigation Committee”] сослушал сведоци кои сакале нивните наводи да бидат истражени, додека пак „Комитетот за тајно сведочење“ [“Confidential Committee”] обезбедувал форум затворен за јавноста за сведоците да говорат за злоупотребата која ја преживеале. Затоа сведочењето пред вториот Комитетот не ножело да доведе до отворање на судски постапки.
78. Комисијата објавила извештај во мај 2009 година („Извештајот Ryan“). Во извештајот било заклучено дека постоела распространета, хронична и теша, физичка, вклучително и сексуална злоупотреба на деца, извршена воглавно од свештени лица во воспитно-поправни училишта и училишта за деца без родителска грижа. Додека верските органи работеле на случаи на злоупотреба на таков начин за да обезбедат заштита на конкрегацијата и да се минимизира ризикот случајот да биде откриен во јавноста, во извештајот се потврдувало дека тие до полицијата пријавувале поплаки за сексуална злоупотреба на ученици од страна на несвештени лица. Генералниот секретар на Министерството, при негово сведочење пред Комитетот за истраги, жалел за значителните пропусти во неговата одговорност кон децата во воспитно-поправни училишта и училишта за деца без родителска грижа, иако тие институции биле во приватна сопственост и управувани од приватни лица, државата имала јасна одговорност да осигура дека грижата која им се дава на децата е соодветна и Министерсвото не осигурало задоволителен степен на таква грижа. Поплаки за злоупотреба на деца од страна на свештени лица биле ретко пријавувани до Министерството, а Министерството неадекватно постапило и со тие пријави кои му биле доставени.
79. Во поглавјето 14 of Том 1 на извештајот („поглавје Brander“) се анализирала кариерата на „лице кое извршило серија на акти на сексуална и физичка злоупотреба“ , се работело за наставник кој не бил свештено лице и кој предавал во околу 10 училишта (вклучувајќи и 6 национални училишта) цели четиресет години сè до 1980 година. После неговото пензионирање, тој бил осуден за бројни обвиненија за сексуална злоупотреба на ученици. Во извештајот се забележувало дека, кога родителите се обиделе го пријават неговото однесување во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век, тој бил заштитен од верски и училишните органи и бил преместуван од едно во друго училиште. Имало докази за пријави во полицијата во шеесеттите години. Поплаките поднесени до Министерството во почетокот на осумдесеттите биле игнорирани, за што Министерството потврдило пред Комисијата дека немало оправдание дури ни според стандардите кои важеле во тоа време. Не само што истрагата била шокантна сама по себе, туку исто така со неа се илустрирала „леснотијата со која сексуалните предатори можеле да оперираат во образовниот систем на државата без страв дека ќе бидат откриени или казнети“.
80. Третиот том бил извештајот на Комитетот за тајно сведочење пред кој сведочеле за злоупотреба од 1930 до 1990 година, 1090 лица за 216 установи, кои воглавно биле воспитно-поправни училишта и училишта за деца без родителска грижа, но исто меѓу нив имало и национални училишта. Комитетот сослушал 82 пријави за злоупотреба од 70 сведока во врска со 73 основни и средни училишта: повеќето случаи се однесувале на ученици кои го напуштиле училиштето пред или во текот на седумдесеттите години на минатиот век и половина од сведоците пријавиле сексуална злоупотреба. После сведочењето биле поднесени пријави до полицијата и Министерството затоа што некои сведоци нагласиле дека нивните изјави не се тајни, и затоа можеле да имаат и доказна вредност во постапка.
81. Првото поглавје од четвртиот том се однесувало на Министерството кое имало законска одговорност согласно Законот за деца од 1908 година за децата кои се испратени во воспитно-поправни училишта и училишта за деца без родителска грижа. Министерството имало недоволни информации затоа што инспекциите кои биле вршени од неговите инспектори биле неадекватни. Според ова поглавје, функционери на Министерството знаеле дека имало случаи на злоупотреба и тие требало да употребат повеќе од своите широки законски надлежности над засегнатите училишта во интерес на децата како што е надлежноста за менување на директор. Сепак, Министерството не се обидело да воведе промени со кои би се подобрила состојбата на учениците во тие училишта. Всушност:
„Пропустите на Министерството може исто дака да се сфатат како молкумно потврдување на доминантната позиција на верските конгрегации и нивното раководење со системот. Генералниот секретар на Министерството изјавил дека Министерството покажало ‘голема попустливост’ кон верските заедници. Со тоа се попречувале промени и била потребна независна интервенција, изразена во извештајот Kennedy од 1970 година за да се распадне еден таков, одамна застарен систем.“
82. Во петтиот том имало копии од, помеѓу останатото, наоди и мислења на вештаци. Некои од подносителите на пријави побарале вишиот предавач по ирска историја професорот Ferriter, да се осврне на сугестијата дека на политичко ниво, државата дознала за физичката злоупотреба на малолетници во седумдесеттите, а за сексуалната злоупотреба во осумдесеттите години на минатиот век. Комисијата го презела тој наод и го приклучила кон својот извештај. Со наодот на професорот Ferriter настаните пред Комисијата Ryan биле објаснети во нивниот историски контекст. Тој го опишал извештајот Carrigan (1931) како „пресвртница“ во однос на обезбедувањето на информации за процентот на кривично гонење на кривични дела против половата слобода во Ирска. Тој исто така доставил и анализирал понови статистички податоци за таа тема (1930-1960) кој ги извел од архивите на кривичните судови. Полицијата била прилично активна во гонењето на педофили, но фактот дека повеќето кривични дела против половата слобода не биле пријавени сугерирал дека таквиот криминал бил сериозен проблем во текот на дваесетттиот век во Ирска. Тој понатаму посочил дека архивите на кривичните судови покажувале „конзистентно висок број на кривични дела против половата слобода извршени врз млади момчиња и девојчиња“. Иако за повеќето од овие случаи не се известувало во медиумите, тој сметал дека полицијата во тоа време била добро запозната со постењето на такви дела.
83. Кон петтиот том било приклучено и истражување подготвено од г-н Rollison, по барање на самата Комисија Ryan кое е насловено „Заштита на децата во интернати во Англија: 1948-1975: историја и состојба“. Тој ја опишал историјата на системот на интернати во Англија во периодот 1948-1975. Под насловот „Злоупотреба“ , г-н Rollison посочил дека пред средината на осумдесеттите години на минатиот век „професионалците и возрасните биле многу малку сензитивизирани на зборот или можноста од злоупотреба“ и дека „било суштински важно да се избегне стапицата и потенцијалните изговори“ на оценување на овој период според современи стандарди.
84. Во извештајот Ryan имало неколку препораки. Се сметало дека е важно како прв чекор, државата да признае дека дошло до злоупотреба на деца како последица на пропусти во системите и политиката, во управувањето и раководењето како и на персоналот со повисоки функции во воспитно-поправните училишта и училиштата за деца без родителска грижа. Биле дадени и низа на други препораки во врска со подготовката и надзорот на државни политики и служби поврзани со деца, за одговорност, за потребата за адекватни и независни инспекции на сите служби за деца и за најцелосна имплементација на „Децата пред сè: национални упатства за заштита и благосостојба на децата“ [“Children First: The National Guidelines for the Protection and Welfare of Children”] (параграф 89 подолу).
5. Понови извештаи за сексуална злоупотреба
85. Во поновите истраги и извештаи се критикувал одговорот на Католичката црква кон наводите за сексуална злоупотреба на деца од страна на свештени лица.
86. Во Извештајот Ferns од 2005 година биле идентификувани над 100 пријави за злопотреба на деца поднесени помеѓу 1962 и 2002 година против 21 свештеник во диоцезата во Фернс. Во извештајот се критикувал одговорот на црквата, но се споменувале и неколку пријави до државните органи пред или во текот на седумдесеттите години на минатиот век.
87. Извештајот Murphy од 2009 година се однесувал на начинот на постапување од страна на Црквата и државата по пријави за злоупотреба на деца поднесени во периодот 1975-2004 година против свештени лица на Надбискупијата во Дублин. Во извештајот се потврдувало дека сексуалната злоупотреба на деца од страна на свештени лица била распространета во текот на тој период. Додека потребата за закон за заштита на децата била јасно призната во почетокот на седумдесеттите години на минатиот век, времето кое поминало до усвојувањето на тој закон во почетокот на деведесеттите било опишано како исклучително долг период.
88. Во 1996 ирските бискупи усвоиле рамковен документ насловен „Сексуална злоупотреба на деца: рамка за постапување на црквата“ . Извештајот Cloyne од 2011 година го анализирал постапувањето на органите на Католичката црква по пријави поднесени до нив за сексуална злоупотреба од страна на свештени лица откако бил усвоен рамковниот документ, кога можело основано да се смета дека тие органи биле запознаени со обемот на проблемот и со начинот на справување со него. Во извештајот строго се критикува одговорот на црквата, дури и во тој понов период.
6. Други промени во заштитата на децата
89. Во ноември 1991 година Министерството објавило насоки за процедурата за постапување по наводи или сомневања за злоупотреба на деца (циркуларно писмо 16/91). Тие насоки биле ажурирани во 2001 година („Заштита на децата – насоки и процедури“) и во 2006 година („Заштита на децата: насоки и процедури за основни училишта“). Со овие насоки требало да се асистира во идентификувањето и пријавувањето на злоупотреба на деца и кон подобрувањето на професионалната практика во организаци кои им даваат услуги на децата и родителите. Оттогаш овие насоки се ажурирани, последен пат во 2011 година. Владата го објавила нацрт законот Децата пред сè во 2012 година со цел да осигура ефикасна имплементација на тие насоки.
90. Омбудсманот за правата на децата бил основан во 2002 година за промовирање на јавната свест за правата на децата. Биле усвоени нови и поконкретни кривични дела вклучувајќи го и делото изложување на дете на опасност со небрежност (член 176 од Законот за кривично право [Criminal Justice Act] oд 2006 година). Биле воведени повеќе системи за надомест на штета преку кои им се обезбедува обештетување на жртвите од злоупотреба од воспитно-поправните училишта и училиштата за деца без родителска грижа. Референдумот „за права на децата“ од 2012 година доведе до прифаќање на 31-от амандман на Уставот со кој се сугерира воведување во член 42 од Уставот на одредби, насочени кон права на децата и нивна заштита. Во текот на постапката поведена од жалителката амандманот не влезе во сила.
III. РЕЛЕВАНТНО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО И ПРАКСА
A. Совет на Европа
91. Парламентарното собрание на Советот на Европа [Parliamentary Assembly of the Council of Europe] (“PACE”) прв пат донесе препораки за заштита на децата во 1969 во неговата препорака 561 насловена Заштита на малолетници од злоупотреба. Иако таа пред сè се однесува на тепање на децата во домот, било препорачано и државите да бидат повикани „да ги преземат сите неопходни мерки за да осигураат дека надлежните министерства се свесни за сериозноста и размерите на проблемот на деца подложени на физичка или психолошка суровост’ и, понатаму, „да побараат официјалните служби одговорни за грижа за злоупотребувани деца да ги координираат нивните мерки колку е можено повеќе со работата преземена од страна на приватни организации“. Препораката бр. R (79) 17 на Комитетот на министри за заштита на децата од злоупотреба се надоградува на оваа препорака на PACE: државите требало да ги преземат сите неопходни мерки за да ја осигураат безбедноста на злоупотребуваните деца “кога злоупотребата е предизвикана со акти или пропуштања од страна на лица одговорни за грижа за децата или други лица кои имаат привремена или трајна контрола врз нив.“
92. Европската социјална повелба од 1961 година во член 7 предвидува дека децата и младинците имаат право на посебна заштита од физичка и психичка опасност на која може да се изложени.
Б. Организација на Обединетите нации
93. Женевската декларација за правата на детето [Geneva Declaration of the Rights of the Child] беше усвоена од Лигата на нации во 1924 година и нагласува, како преамбула на нејзините пет заштитни принципи, дека човештвото на детето му го должело „најдоброто што може да го даде“. Во 1959 година, Генералното собрание на ООН едногласно ја усвои својата Декларација за правата на детето проширувајќи ја декларацијата од 1924 година. Оваа декларација од 1959 започнува со општиот принцип дека на детето, поради неговата физичка и психолошка незрелост, му биле потребни специјални заштитни мерки и грижа. Вториот принцип предвидува дека детето ужива специјална заштита и ќе му бидат дадени прилики и можности кои ќе му помогнат да се развие физички, ментално, морално, духовно и социјално на здрав и нормален начин и во услови на слобода и достоинство, при што секогаш е најважен интересот на детето. Принципот 8 предвидува дека детето во сите околности ќе биде помеѓу првите кои ќе добијат заштита и обештетување, а принцип 9 вели дека детето ќе биде заштитено од сите форми на занемарување, суровост и експлоатација.
94. Универзалната декларација за човекови права од 1948 година [Universal Declaration of Human Rights 1948] (“UDHR”) содржи два члена во кои изречно се споменуваат децата – член 25 за специјална грижа и помош и член 26 за правото на бесплатно основно образование – како и низата на човекови права кои се однесуваат на сите човечки суштества, вклучувајќи го правото да не се биде подложен на сурово, нечовечко или понижувачко постапување.
95. Член 24 oд Меѓународниот пакт за граѓански и политички права [International Covenant on Civil and Political Rights] (“ICCPR”) стипулира дека „секое дете има, без било каква дискриминација ... право на такви мерки на заштита какви што неговиот статус на малолетник наложува, од страна на неговото семејство, општеството и државата“. Член 2 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и кулутурни права [International Covenant on Economic, Social and Cultural Rights] (“ICESC”) ги обврзува државите да преземат мерки, вклучително и носење закони, за прогресивно остварување на правата гарантирани со пактот. Член 10 од ICESC во повеќе наврати стипулира дека треба да се преземаат специјални мерки за заштита и помош за младите. Член 12 се однесува на правото на сите „да уживаат највисок можен стандард на физичко и психичко здравје“, и содржи конкретна одредба според која државите договорнички се обврзани да преземат мерки за обезбедување на здрав развој на децата. И двата пакта беа отворени за потпишување во 1966, и беа потпишани и ратификувани од Ирска во 1973 и 1989 година, соодветно.
96. Преамбулата на Меѓународната конвенција за правата на детето од 1989 потсетува, помеѓу другото, на одредбите за заштита на детето од декларациите од 1924 и 1989 година, на одредбите од UDHR и ICCPR. Член 19 предвидува дека државата ќе го штити детето од злоупотреба од страна на родителите или од други лица кои се одговорни за грижа за детето и да воведат соодветни социјални програми за превенција на злоупотреба и за постапување со жртвите.
ПРАВО
97. Жалителката се жалеше дека државата не ја заштитила од сексуална злоупотреба од страна на наставник во националното училиште во кое учела и дека таа немала ефикасен правен лек против државата во тој поглед. Таа се повика на член 3 (земен самостојно и во врска со член 13), член 8, член 2 од Протокол бр. 1, како и на овие два члена во врска со член 14 од Конвенцијата.
...НАВОДНА ПОВРЕДА НА МАТЕРИЈАЛНИОТ АСПЕКТ НА ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
122. Член 3 гласи:
„Никој нема да биде подложен на тортура или нечовечко или понижувачко постапување или казнување.“
A. Аргументи на странките
1. Жалителката
123. Главниот навод на жалителката беше дека, државата, спротивно на нејзината позитивна обврска од член 3, не вовела адекватна правна рамка за заштита на децата од сексуална злоупотреба, дека за ризикот од таква злуопотреба државата знаела или требала да знае и со која рамка би се компензирало за нејзиното неучество во управувањето со училиштата. Според жалителката, немало јасни или адекватни правни обврски или насоки за релевантните лица да се погрижат дека постапуваат ефикасно во надзорот на постапувањето со децата, и да постапат по секакви наводи за малтретирање вклучувајќи и сексуална злоупотреба. Член 3 и член 8, како и член 2 од Протокол бр. 1, земени заедно на државата ѝ наметнувале должност да го организира својот образовен систем на начин да со тоа се осигура дека таа ја исполнува својата обврска да ги заштитува децата, обврска која била олеснета, но и не и наметната со член 42 од Уставот.
124. Жалителката истакна дека образованието било национална обврска (случајMcEneaney and Crowley, цитиран погоре), како што било и во секоја развиена демократија. Член 42 од Уставот според неа ѝ дозволувал на државата да обезбедува образование така што таа можела и требало тоа да го прави. Дури и ако државата ја делегирала таа обврска на недржавни субјекти, во моделот на национални училишта можело и требало да се прифатат одредби за поширока заштита на децата. (Costello-Roberts v. the United Kingdom). На крај, државата не можела да се ослободи од одговорност велејќи дека жалителката имала други опции за образование, кои неа не и ни биле достапни.
125. Жалителката се повика на определени документи, посебно на извештаите Carrigan и Ryan, во поддршка на нејзиното тврдење дека државата или била запознаена или требала да биде запознаена со ризикот од злуопотреба на децата во националните училишта. Таа нагласи дека извештајот Ryan бил објавен после истрага која траела девет години и после пресудата на Врховниот суд донесена по нејзината граѓанска тужба. Таа исто така тврдеше дека државата знаела или требала да знае дека не постоеле соодветни заштитни мерки за спречување на злоупотреба, вклучувајќи соодветни механизми за надзор и пријавување. Накусо, таа тврдеше дека злоупотребата на ученици во национални училишта била овозможена со моделот на основно образование во тие училишта заедно со невоведувањето на ефикасни мерки за заштита со кои би се спречила и открила сексуалната злоупотреба.
126. Според неа, мерките на кои се повикала Владата, биле несоодветни, и дека со нив всушност се потврдувало отсуството на државна контрола. Правилникот од 1965 година и циркуларните писма не биле ниту примарно ниту секундарно законодавство, нивната правна основа била нејасна, тие биле во толкав број и толку се преклопувале, да степенот во кој тие се применувале бил исто така нејасен и тие не биле лесно достапни за јавноста. Во секој случај, тој правилник и тие циркуларни писма не биле ефикасни: во нив не се споменувала сексуална злоупотреба, ниту процедура за пријавување на злоупотребата и немало задолжителна обврска да се мониторира, истражува или да се пријави злоупотребата до државен орган. Лице за контакт со родителите останувал директорот. Според жалителката не било од голема важност дали државата би постапила ако до неа биле доставени пријави за злоупотреба, отсуството на ефикасно откривање и процедура за пријавување значеле дека тие пријави не биле пренесувани до државата.
127. Жалителката исто така сметаше дека системот на инспектори можел, но во пракса не ги заштитил децата од злоупотреба. Тој бил предвиден за да гарантира квалитет на наставата, а не за се контролира однесувањето на наставниците или инспекторите да добиваат пријави за злоупотреба. Затоа, родителите се чувствувале обврзани да пријават до директорот, и всушност директивата од 6 мај 1970 година тоа и го барала од нив. Според неа немало однос помеѓу инспекторите и родителите, ниту во теорија ниту во пракса и дека ниту едно од упатствата или циркуларните писма не упатувале на контакт помеѓу родителите и инспекторите. Неадекватноста на државниот систем за инспекција, според жалителката, била потврдена помеѓу другото, во извештајот Ryan, преку споредбата со обемните насоки за заштита на децата кои биле усвоени оттогаш и со фактите на овој случај. Во тој поглед имало 400 случаи на злоупотреба од средината на шеесеттите години на минатиот век во националното училиште во Дандероу од страна на ЛХ и ниту една пријава за тоа до надлежен инспектор.
128. Во погенерален смисол, жалителката го нагласи големиот контраст помеѓу деталните аргументи на државата во домашната постапка – каде државата тврдела дека немала контрола, знаење или улога во управувањето со училиштата или во однос на однесувањето или престапите на наставниците и каде целата одговорност ја префрлила на сопствениците/директорите, и аргументите на државата пред овој Суд – каде тврди дека постоела јасна правна рамка за државна заштита.
129. На крај, повикувајќи се на критериумот на каузалитет воведен во случајот E. и други против Обединетото Кралство, цитиран погоре, параграфи 98-100), жалителката истакна дека, ако постоел ефикасен механизам за пријавување на случаи на злоупотреба, поплаката од 1971 година би била пријавена и затоа би имало повеќе „реални изгледи“ дека во тој случај не би дошло до злоупотребата од 1973 година.
2. Владата
130. Владата се согласи со описот кој Врховниот суд го дал за развојот и структурата на ирскиот систем на основно образование додавајќи дека тој постоел кога била создадена ирската држава во 1922 година и дека тој бил задржан со донесувањето на член 42 од ирскиот Устав во 1937 година. Националното училиште во Дандероу оттука било во сопственост, под раководство и управа на Католичката црква и нејзините претставници. ЛХ не бил државен службеник, туку бил вработен од страна на директорот, кој пак, управувал со училиштето во име на сопственикот. Тоа не било техничка бирократска дистинкција, туку вистинско „предавање“ на сопственоста и управувањето со училиштата на верските заедници. Оваа ситуација им одговарала и на мнозинските и на малцинските верски заедници, ја одразувала волјата на народот и според Владата не било задача на Судот да преобликува односи кои биле основа на значителен дел од ирскиот систем на основно образование. Сугестијата дека основното образование било национална обврска и дека треба да биде во целост раководено од државата произлегувала од конкретно идеолошко сфаќање со кое не се согласувале нужно сите држави договорнички, и со кое не се согласувала Ирска. Владата нагласи дека немало закон со кој децата биле обврзани да учат во национални училишта, затоа што законот дозволувал и други опции за образование.
131. Што се однесува на материјалниот жалбен навод за недавање на заштита согласно член 3, Владата тврдеше дека немало одговорност на државата. Случајот Van der Mussele против Белгија (23 ноември 1983 година, Издание A бр. 70) се разликувал од случајот на жалителката затоа што немало прашање за „делегирање“ на обврските, затоа што член 2 од Протокол бр. 1 на државите само им наложувал да гарантираат дека никому не му е оневозможено образование. Случајот Costello Roberts бил различен затоа што телесното казнување било дел од дисциплински систем и затоа влегувало во досегот на поимот образование, додека пак однесувањето на ЛХ било „негација“ на улогата на наставникот. Одговорноста на државата за кривични дела кои не се поврзани со нејзината должност да ги обезбеди правата од Конвенцијата затоа била лимитирана на оперативна обврска да заштитува (Osman против Обединетото Кралство, 28 октомври 1998 години, Збирки на пресуди 1998‑VIII) и немало докази дека државата знаела или требала да знае во 1973 години дека имало вистински ризик наставник да злоупотребува ученик или дека ЛХ ја злоупотребувал жалителката.
132. Што се однесува на што точно државата знаела во пракса, Владата воочи дека ниту документите кои биле објавени, ниту пак сведочењето на инспекторот во националното училиште во Дандероу, не му посочиле на Високиот суд дека државните органи примиле било каква пријава за однесувањето на ЛХ.
133. Според Владата, исто така не можело да се каже дека државата требала да знае за ризикот од сексуална злоупотреба на деца од страна на наставници во националните училишта во седумдесеттите години на минатиот век. Владата истакна дека основно било да се оцени прашањето колку државата била запозната со таквиот ризик без да се земе предноста на работите да се гледа од денешен аспект: во 1973 свеста за ризик од злоупотреба на деца била непостоечка и не можеле ретроактивно да се наметнуваат стандарди засновани на денешното знаење кое е поголемо и денешните стандарди кои се повисоки, на периодот во раните седумдесетти. Главното прашање било каков можел да биде степенот на свесност за ризикот од сексуална злоупотреба на деца од страна на наставници во основните училишта во Ирска на почетокот на седумдесеттите. Според Владата, не постоела таква свесност. Владата го нагласи повикувањето на судијата Hardiman J на различниот етос кој постоел во седумдесеттите кој објаснувал зошто ниту еден родител не поднесол директна пријава до државните органи во релевантниот период. Владата исто така се повика на истражувањето насловено „Заштита на децата во интернати во Англија: 1948-1975: историја и состојба“ кое било приклучено кон извештајот Ryan. Ни самата жаителка не презентирала докази пред домашните судови за степеност на свесност за ризик во седумдесеттите, и всушност, во извештајот во нејзина полза (професор Ferguson) се сметало дека нема докази кои ја покажуваат потребата за превентивни стратегии во седумдесеттите. Според Владата, извештајот Carrigan не ѝ одел во прилог на жалителката, затоа што иако содржел определени информации за пораст на бројот на кривични дела против половата слобода и посочувал дека полицијата била активна во гонењето на такви дела извршени врз млади девојчиња, немало сугестија дека наставник може да биде опасност за девојче на училиште. Иако Владата прифати дека Министерството неправилно постапило по пријавата на г-н Brander, од тој инцидент не можело да се заклучи дека државата знаела во седумдесеттите за генерален ризик од сексуална злоупотреба на деца во училиштата. Штом државата дознала за постоењето и ги разбрала проблемите, биле воведени релевантни упатства.
134. Во секој случај, домашниот закон содржел ефикасни заштитни механизми кои одговорале на секаков ризик за кој можело да се знае во тоа време. Постапките на ЛХ биле кривични дела, и всушност, штом било пријавено во полицијата во средината на деведесеттите, била спроведена целосна истрага и ЛХ бил осуден и ставен во затвор. Граѓанското право со кое се регулира граѓанска одговорност за штета давало основа за поднесување на граѓанска тужба против ЛХ и верските органи.
135. Правилникот од 1965 година исто така обезбедувал заштита. Се работело за правни правила кои очигледно го обврзувале наставникот и директорот и со кои јасно се пропишувало како да се поднесе пријава и како да се постапи по неа. Владата посебно се повика на правило 121 и правило 130, со кои се наведуваат стандарди за однесување на наставниците, како и правило 108 и директивата од 6 мај 1970 година во однос на механизмите за постапување со наставниците кои не се однесувале соодветно. Понатаму, улогата на инспекторот, била помеѓу другото, да го извести Министерот за квалитетот на системот, и посебно за тоа дали Правилникот од 1965 година се почитувал и да се обезбеди „соодветен стандард на образование“ во сите основни училишта. Покрај тоа, секој директор, наставник и родител имале задача да ги штитат децата и секој од нив, можел, но не го сторил тоа, во случајот на жалителката да поднесе пријава директно до инспектор, Министерот, Министерството или полицијата. Таквата пријава би довела до релевантни проверки и истраги, и ако било соодветно, до санкција како што е одземање на лиценцата за држење настава од страна на Министерот. Вистинскиот проблем бил тој што не биле употребени постоечките процедури: така првата поплака за ЛХ била поднесена до директорот, а не до државен орган.
136. Накусо, Владата тврдеше дека постоеле заштитни мерки кое биле сразмерни на било каков ризик за кој државата требала да знае дека постои во тоа време, и дека запознаеноста со тој ризик требала да се оценува од аспект на седумдесеттите, а не од денешен аспект, и посебно без да се наметнуваат денешното знаење и стандарди врз контекст од кој се поминати 40 години.
Б. Аргументи на трети страни
1. Ирска комисија за човекови права [Irish Human Rights Commission]
137. Ирската комисија за човекови права била основана со закон во 2000 година со цел да се промовираат и штитат човековите права на сите лица во Ирска и идејата за таква комисија може да се најде во Договорот од Велик петок од 1998 година [Good Friday Agreement]. Таа веќе има учествувано како вмешувач во други случаи пред Судот.
138. Ирската комисија за човекови права, помеѓу другото, ги воочи позитивните обврски да се спречи постапување кое е спротивно на член 3, вклучувајќи и погенерална должност да се струткурира системот на основно образование на начин да се заштитат децата, и кои обврски не можеле да се избегнат преку делегирање на функции на јавен сервис на приватен ентитет. Во тој контекст, Комисијата сметаше дека се поставувало сериозно прашање за тоа дали државата имала доволен степен на контрола над националните училишта финансирани од државни средства за да осигура дека правата од Конвенцијата се почитуваат. Правниот статус на Правилникот од 1965 година бил нејасен. Правилникот не бил јасен во поглед на задачите на инспекторот во однос на однесувањето на наставници и, иако во правилникот се зборувало за „несоодветно однесување“ на наставници, со правилникот тоа не било дефинирано ниту пак се предвидувала било каква процедура за постапување во такви случаи. Со оглед на тоа што приватни училишта и настава во домашни услови не биле опција за поголемиот број родители во Ирска, со тоа што основното образование биле задолжително родителите морале да ги испраќаат нивните деца во национални училишта, во спротивно на што можела да биде поведена кривична постапка против нив, да бидат парично казнети како и да им бидат одземени децата. Накусо, во типично национално училиште, во какво што учеле повеќето деца во Ирска, училишната дирекција имала малку насоки за тоа како да постапи по наводи или сомневање за злоупотреба, училиштата немале должност да пријават такви наводи до Министерството или полицијата, социјалните служби имале ограничени надлежности за постапување со такви наводи или сомневање и, на крај, децата и родителите се соочувале со потешкотии при поднесувањето на такви пријави.
2. Европски центар за право и правда [The European Centre for Law and Justice]
139. Европскиот центар за право и правда се смета себеси за невладина организација посветено воглавно на одбрана на верските слободи. Центарот има претходно постапувано како вмешувач во други случаи пред Судот. Центарот посебно се осврна на прашањето дали државата може да се смета за одговорна за злоупотребата извршена од ЛХ врз жалителката.
140. Центарот воочи дека, од основањето на образовниот систем, улогата на државата била ограничена на финансирање и контрола на квалитетот на наставната програма и наставата. Со тој систем не се создавал хиерархиски однос помеѓу државата и училиштето/наставниците или, било каква правна основа за тие постојано да ја информираат државата. Ниту член 2 од Протокол 1 не наложувале државата директно да раководи со училиштата до степен на менаџирање на сите дисциплински прашања.
141. Сепак, во однос на тоа дали државата ја исполнила нејзината позитивна обврска да спречи постапување кое е спротивно на член 3, Центарот не сметаше дека на почетокот на седумдесеттите години државата била должна да усвои други мерки покрај оние кои се состоеле во создавање на можности за пристап до кривични и граѓански постапки.
142. Со оглед на тоа што државата не била должна ни според домашното право, ни според Конвенцијата да го преземе секојдневното раководење со основното образование, државата не била одговорна за актите на наставник од основно училиште. Според Центарот, да се сугерира дека државата е одговорна за неспречување на акти на наставник би претставувало наметнување на строга одговорност. Приватниот и верски карактер на управувањето со училиштата никогаш не бил пречка за превенција или одвраќање од злоупотреба и со него никогаш не била исклучена примената на законот.
В. Оцена на Судот
143. Фактите на овој случај настанале во 1973 година. Како што нагласи Владата, Судот мора да испита евентуална одговорност на државата во тој поглед од аспект на фактите и стандардите во 1973 година, и, посебно, без да ги земе предвид степенот на свест во денешното општество за ризикот од сексуална злоупотреба на малолетници во образовна средина, и која свест е резултат на контроверзни дебати во јавноста, вклучително и во Ирска (параграфи 73-88 погоре).
1. Позитивна обврска на државата во дадениот контекст
144. Судот повторува дека член 3 ја штити една од најосновните вредности на демократското општеството. Со него апсолутно се забранува тортура или нечовечко или понижувачко постапување или казнување. Обврската на високите договорни страна согласно член 1 од Конвенцијата секому под нивна јурисдикција да му ги обезбедат правата и слободите дефинирани со Конвенцијата, земена заедно со член 3, наложува државите да преземат мерки предвидени за да осигураат дека лицата под нивна јурисдикција не се подложуваат на тортура или нечовечко или понижувачко постапување, вклучително и на злоупотреба извршена од страна на приватни лица. Оваа позитивна обврска на државата да обезбеди заштита треба да се толкува на начин да не се наметнува преголем товар врз државните органи, имајќи ги предвид особено, непредвидливоста на човековото однесување и оперативните избори кои мора да бидат направени во смисол на приоритети и ресурси. Затоа, нема секој ризик од злоупотреба да доведе до обврска за државните органи согласно Конвенцијата да преземат мерки за да го спречат реализирањето на тој ризик. Сепак, со тие мерки треба во најмала мера, да се обезеди ефикасна заштита посебно на децата и други ранливи лица и тие треба да вклучуваат разумни мерки за спречување на злоупотреба за која државните органи знаеле или требале да знаат( X и Y против Холандија, пресуда од 26 март 1985 година, издание A бр. 91, §§ 21–27; A. против Обединетото Кралство, 23 септември 1998 година, Збирки 1998‑VI, параграф 22; Z и други против Обединетото Кралство, цитиран погоре, параграфи 74-75, ECHR 2001‑V; D.P. и J.C. против Обединетото Кралство, бр. 38719/97, параграф 109, 10 октомври 2002 година; и M.C. против Бугарија, бр. 39272/98, параграф 149, ECHR 2003‑XII).
145. Понатаму, контекстот на основно образование во овој случај во голема мера го дефинира карактерот и важноста на оваа обврска. Судската пракса на Судот јасно кажува дека позитивната обврска да се обезбеди заштита има посебна важност во контекстот на организирање на важна јавна служба како што е основното образование, при што училишните органи се должни да го штитат здравјето и благосостојбата на учениците, и посебно, на малите деца кои се особено ранливи и кои се под исклучива контрола на тие органи (Grzelak против Полска, бр. 7710/02, параграф 87, 15 јуни 2010 година; и Ilbeyi Kemaloğlu и Meriye Kemaloğlu v. Turkey, бр. 19986/06, параграф 35, 10 април 2012).
146. Накусо, со оглед на фундаменталниот карактер на правата гарантирани со член 3 и на големата ранливост на децата, инхерентна обврска на државата е да осигура нивна заштита од злоупотреба, посебно во контекст на основно образование, со донесување, кога е потребно, на специјални мерки и заштитни механизми.
147. Понатаму, оваа обврска важела во времето на настаните кои се релевантни за овој случај, што значи во 1973 година.
Низата на меѓународни инструмени усвоени пред овој период, резимирани во параграфите 91-95 погоре, ја нагласуваат потребата државата да преземе специјални мерки за заштита на децата. Судот посебно воочува дека и ICCPR и ICESC биле отворени за потпишување во 1966 година и дека Ирска ги потпишала во 1973, а ги ратификувала во 1989 година (параграф 95 погоре).
Покрај тоа, со судската пракса на овој Суд се потврдува, дури на во неговата петта донесена пресуда, дека Конвенцијата може на државите да им наметне позитивни обврски, како што тоа било случај во контекст на член 2 од Протокол бр. 1 во врска со правото на образование (Case “relating to certain aspects of the laws on the use of languages in education in Belgium” (мериторна одлука), 23 јули 1968 година, параграф 3, издание A бр. 6). Формулацијата употребена во случајот Marckx (Marckx против Белгија, 13 јуни 1979 година, параграф 31, издание A бр. 31) за опис на позитивните обврски од член 8 да се осигура интеграција на детето во семејството, е често цитирана (особено во Airey против Ирска, 9 октомври 1979, параграф 25, издание A бр. 32). Најрелевантно за конкретниот случај, во важната пресуда на Судот во случајот X и Y против Холандија, цитиран погоре, било заклучено дека непостоењето на кривичен закон со кој се санкционираат полови дејствија врз адолесцент со ментална попреченост значело дека државата не ја исполнила својата позитивна обврска да ги заштити правата на жртвата предвидени со член 8. При носењето на тој заклучок, Судот го отфрлил аргументот на Владата дека фактите на случајот биле „исклучителни“ и дека конкретната правна празнина не можела да се предвиди. Според Судот, тужената држава требала да знае за ризикот од сексуална злоупотреба на адолесценти со ментален инвалидитет ставени во приватен дом за деца и требала да има законски одредби за таков случај. Тие случаи се однесуваат на факти кои настанале пред или истовремено со фактите од жалбата која сега се разгледува.
Се разбира, точно е дека после тие први случаи Судот дополнително ги појасни обемот и карактерот на позитивните обврски на државата. Сепак, тоа се смета само за појаснување на судска пракса која и натаму е применлива на фактите кои се случиле порано без да се отвори било какво прашање за ретроактивност (Varnava и други против Турција [ГСC], бр. 16064/90, 16065/90, 16066/90, 16068/90, 16069/90, 16070/90, 16071/90, 16072/90 и 16073/90, параграф 140, ECHR 2009).
148. Што се однесува на содржината на позитивната обврска за давање заштита, Судот потсетува дека ефикасни мерки за одвраќање од тешки кривични дела, како делото за кое станува збор во оваа жалба, може да се постигнат само со постоење на ефикасни одредби во кривичниот закон кои се зајакнати со машинерија за спроведување на законот (X и Y против Холандија, цитиран погоре, параграф 27; како и на пример, Beganović против Хрватска, бр. 46423/06, параграф 71, 25 јуни 2009 година; Mahmut Kaya против Турција, бр. 22535/93, параграф 115, ECHR 2000‑III; и M.C. против Бугарија цитиран погоре, параграф 150). Важно е да се додаде дека карактерот на сексуалното злоупотребување на деца е таков, посебно кога извршителот е во позиција на моќ во однос на детето, да постоењето на ефикасни механизми за откривање и пријавување се од суштинско значење за ефикасната имплементација на релевантните кривични закони (Juppala против Финска, бр. 18620/03, параграф 42, 2 декември 2008 година). Судот би појаснил дека како и Владата, смета дека нема докази пред Судот дека имало оперативен пропуст да се заштити жалителката (Osman против Обединетото Кралство, параграфи §§ 115-16). До моментот кога наводите против ЛХ им биле пријавени на државните органи во 1995 година, државата ниту знаела ниту била должна да знае дека тој конкретен наставник, ЛХ, претставувал опасност за конкретна ученичка, а тоа е жалителката.
149. Судот исто така потсетува дека не е потребно да се докаже дека без пропустите на државата немало да дојде до злоупотребата. Непреземањето на мерки кои се разумно достапни и кои можеле да имаат реални изгледи да го променат исходот или да ја ублажат штетата е доволно за да постои одговорност на државата (E. и други против Обединетото Кралство, цитиран погоре, параграф 99).
150. Како што нагласи и жалителката, државата не може да се ослободи од своите обврски кон малолетници во основни училишта преку делегирање на тие должности врз приватни субјекти или лица (Costello-Roberts против Обединетото Кралство, цитиран погоре, параграф 27. Види исто така, mutatis mutandis, Storck против Германија, бр. 61603/00, параграф 103, ECHR 2005‑V). Сепак, тоа не значи дека со овој случај се оспорува, како што сугерираше Владата, одржувањето на недржавното раководење со системот на основно образование и идеолошките избори на кои тој се заснова. Всушност, прашањето кое се поставува со овој случај е дали системот кој бил како таков задржан, содржел доволно механизми за заштита на децата.
151. На крај, се чини дека Владата сугерираше дека државата била ослободена од нејзините обврски согласно Конвенцијата затоа што жалителката сама одбрала да учи во училиштето во Дандероу. Сепак, Судот смета дека жалителката немала „друга реална и прифатлива алтернатива“ освен да оди на настава, заедно со големото мнозинство на деца од таа возраст, во нејзиното локално национално училиште (Campbell и Cosans против Обединетото Кралство, 25 февруари 1982 година, параграф 8, издание A бр. 48). Основното образование било задолжително (член 4 и член 17 од Законот за одење на настава од 1926 година), малкумина родители имале доволно средства за да ги изберат останатите две опции за образование (настава во домашни услови или патување заради учење во ретките приватни основни училишта), додека пак националните училишта биле бесплатни, а нивната мрежа била голема. Имало четири национални училишта во парохијата на жалителката и не беа доставени информации во врска со оддалеченоста од најблиското приватно училиште. Во секој случај, државата не може да биде ослободена од нејзината позитивна обврска да обезбеди заштита само затоа што детето избрало една од образовните алтернативи одобрени од државата, без разлика дали е тоа национално училиште, приватно училиште или настава во домашни услови (Costello-Roberts, цитиран погоре, параграф 27).
152. Накусо, затоа прашањето во овој случај е дали правната рамка на државата, и посебно менанизмите за откривање и пријавување, обезбедувале ефикасна заштита на децата кои учеле во национално училиште од ризик од сексуална злоупотреба, за чие постоење може да се каже дека надлежните органи знаеле или требале да знаат во 1973 година.
2. Дали била исполнета позитивната обврска?
153. Не беше спорно дека жалителката била сексуално злоупотребувана од ЛХ во 1973 година. ЛХ се изјаснил за виновен за повеќе обвиненија за сексуална злоупотреба на ученици од истото училиште. Тој не се бранел против граѓанската тужба на жалителката и Врховниот суд прифатил дека тој ја злоупотребил жалителката. Судот исто така смета, а не беше ни оспорено, дека злоупотребата влегува во опсегот на член 3 од Конвенцијата. Поконкретно, кога жалителката имала девет години и во период од шест месеци, таа била подложена на приближно 20 полови дејствија од страна на ЛХ, кој како нејзин наставник и главен наставник во училиштето, бил во позиција на моќ и имал контрола врз неа (види, на пример, E. и други против Обединетото Кралство, цитиран погоре, параграф 89).
154. Исто така помеѓу странките немаше поголема несогласност околу структурата на системот на основно образование во Ирска, иако тие спореа околу одговорноста на државата која произлегува од тој систем, од аспект на домашното право и Конвенцијата.
155. Улогите на верските заедници и на државата во основното образование во Ирска се непроменети од почетокот на 19-от век па до денес. Државата го организирала образованието (ја утврдувала наставната програма, издавала лиценци за наставници и ги финансирала училиштата), но основното образование било воглавно обезбедено од страна на националните училишта. Националните училишта биле во сопственост на верски органи (сопственици/патрони) и биле од нив управувани (директори). Како што било нагласено од судијата Hardiman J, управувањето на националните училишта од страна на верски организации не било само дозвола од страна на држвата тие да учествуваат во обезбедувањето на основно образование, туку „предавање“ на раководењето со националните училишта на свештени лица и на нивните интереси, а тие организации стоеле помеѓу државата и детето. Министерот за образование затоа на никаков начин не вршел директно или секојдневно раководење или контрола врз националните училишта (параграфи 35 и 40 погоре). Како што беше нагласено од судиите Hardiman и Fennelly JJ во Врховниот суд, верските заедници ја изразиле нивната силна желба да биде задржан тој модел на основно образование како и нивната контрола врз тој систем. Со оглед на тоа што целта на верските заедници била да осигураат дека нивниот етос е одразен во училиштата, националните училишта се развиле во систем кој е воглавно со верски карактер: така национално училиште раководено од католичката заедница воглавно преферирало да има директор католик (обично локалниот свештеник), со наставници и ученици католици (види опис на судиите Hardiman и Fennelly JJ, параграфи 31-32 и 43 погоре).
156. Овој систем на национални училишта бил задржан и после независноста во 1922 година и бил предвиден и овозможен со текстот на член 42, став 4 од Уставот донесен во 1937 година. До почетокот на седумдесеттите години, 94% од вкупниот број на основни училишта биле национални училишта. Приближно 91% од тие национални училишта биле во сопственост и под управа на Католичката црква, иако процентот на деца на училишна возраст кои учеле во национални училишта под раководство на католичката заедница бил веројатно повисок.
157. Оттука, во почетокот на седумдесеттите години големото мнозинство на деца во Ирска под 12/13 годишна возраст, како и жалителката, следеле настава во локалното национално училиште. Како што судиите на Врховниот суд Hardiman и Fennelly забележаа, националните училишта биле институции кои биле во сопственост, под раководство и во интерес на недржавен субјект, без контрола на државата. Дотолку повеќе се работело за недржавен субјект кој имал значително влијание посебно врз учениците и родителите и субјект кој бил решен да остане во таква позиција.
158. Се чини дека овој модел на основно образование е единствен во Европа. Врховниот суд го потврдил тоа опишувајќи го како систем кој е во целост sui generis, производ на единственото историско искуство на Ирска.
159. Истовремено со задржувањето на ваквиот уникатен модел на образование, државата била свесна за степенот на кривични дела против половата слобода извршени врз малолетници преку спроведувањето на нејзините кривични закони кои се однесуваат на таа тема.
160. Ирската држава зачувала стари закони или вовела нови закони, после независноста во 1922 година со кои посебно се криминализира сексуалната злоупотреба на малолетници вклучувајќи ги член 50 и член 51 од Законот за кривични дела против личноста од 1861 година (со измените) и Законот за изменување на кривичното право од 1935 година („Законот од 1935 година“). Тие акти истовремено претставувале и кривични дела на повреда на честа според прецедентното право [common law offences].
161. Понатаму, доказите изведени пред Судот покажуваат дека стапката на кривичното гонење за сексуална злоупотреба на деца пред седумдесеттите години била постојана. Судот посебно ги воочи статистичките податоци дадени од началникот на полицијата пред Комитетот Carrigan во 1931 година (параграф 71 погоре). Врз основа на информации кои тој ги добил од 800 полициски станици во Ирска, тој заклучил дека имало алармантен број на кривични дела против половата слобода во Ирска, чија карактеристика била големиот број на случаи кои се однесуваат на малолетници, вклучувајќи и деца помали од 10 години. Всушност, тој сведок сметал дека тие пријави се само мал дел од кривичните дела кои всушност се извршуваат. Во извештајот се изведува причинско-последична врска помеѓу зачестеноста на напади врз деца и неказнивоста која извршителите ја очекуваат и затоа во него биле препорачани законски измени и построги казни кои довеле до донесување на Законот од 1935 година, со кој помеѓу другото биле воведени кривични дела против половата слобода извршени врз мали девојчиња. Во извештајот на професорот Ferriter побаран од комисијата Ryan и приклучен кон извештајот на таа комисија (параграф 82 погоре), се анализирале статистичките податаоци за кривично гонење собрани од архивски документи на кривичните судови кои се однесуваат на периодот од извештајот Carrigan па до шеесеттите години. Во својот извештај, тој заклучил, помеѓу другото, дека тие архивски документи покажувале голем број на сексуални кривични дека извршени врз млади момчиња и девојчиња. На крај, во извештајот Ryan исто така се зборува за пријави поднесени до државните органи пред и во текот на седумдесеттите години во врска со сексуална злоупотреба на деца од страна на возрасни (параграфи 78-81 погоре). Иако извештајот воглавно се однесувал на училишта за деца без родителска грижа во кои програмата се разликувала од националните училишта и каде децата биле изолирани од нивните семејства и заедницата (види го описот на тие училишта во параграф 73 погоре), тие поплаки сепак претставувале известување за државата за сексуална злоупотреба на возрасни лица врз малолетници во образовна средина. Во секој случај, пријавите поднесени до државата пред и во текот на седумдесеттите години запишани во третиот том на извештајот Ryan, помеѓу другото, се однесувале и на национални училишта (параграф 80 погоре).
162. Затоа државата била запознаена со степенот на кривични дела против половата слобода извршени од возрасни врз малолетници. Оттука, кога ја предала контролата врз образованието на големото мнозинство на деца на недржавни субјекти, таа требала да знае, со оглед на нејзината инхерентна обврска да ги заштити децата во овој контекст, за потенцијалните ризици за нивната безбедност ако не постоела соодветна рамка за заштита. На овој ризик требало да се одговори со донесување на мерки и гаранции сразмерни на степенот на опасност. Во таквите мерки и гаранции, во најмала рака, требало да спаѓаат ефикасни механизми за откривање и пријавување на злоупотреба од страна на и пред орган под контрола на државата, затоа што таквите процедури се од суштинска важност за спроведувањето на кривичните закони, и погенерално, за исполнувањето на позитивната заштитна обврска на државата (параграф 148 погоре).
163. Првиот механизам на кој Владата се повика беше процедурата за пријавување наведена во Правилникот од 1965 година и директивата од 6 мај 1970 година (параграф 62 погоре). Сепак, во ниту еден од тие документи не се споменува обврска на државен орган да врши надзор на постапувањето на наставник кон децата ниту пак предвидувал процедура која би го навела детето или родителот за злоупотребата директно да се жалат пред државен орган. Напротив, согласно текстот на директивата од 6 мај 1970 година на која се повика Владата, оние кои имале поплаки против наставниците биле веднаш упатувани до директорот кој бил од верската заедница, а не дел од државните органи. Дури и ако родителот се двоумел дали да го заобиколи директорот (кој обично, како и во овој случај, бил локален свештеник) и да се жали до државен орган, релевантните правила го обесхрабрувале во тоа.
164. Вториот систем на кој се повика Владата беа училишните инспектори, кој систем бил регулиран со Правилникот од 1965 година како и со циркуларното писмо 16/59 (параграф 61 погоре). Сепак, Судот воочува дека главната задачан на инспекторите била да вршат надзор и да известуваат за квалитетот на наставата и училишниот успех. Во инструментите на кои се повика Владата, не се споменува изречно обврска на инспекторите да го испитуваат однесувањето или да вршат надзор над однесувањето на наставникот кон децата, ниту можност децата или родителите директно да се пожалат до инспекторот, ниту обврска родителите однапред да бидат известени за посетата на инспекторот или за било каква директна интеракција помеѓу инспекторот и учениците и/или нивните родители. Од бројот на посети на инспекторите (параграф 61 погоре) не може да се заклучи друго освен дека тие биле на терен само повремено. Во согласност со тој факт, Владата не достави информации за пријави поднесени до инспектор во врска со злоупотреба на дете од страна на наставник. Како што било посочено од судијата Hardiman J во Врховниот суд, Министерот (преку инспекторите) вршел надзор над училиштата во поглед на постигнатиот успех, но не повеќе од тоа: Министерот немал директна контрола врз училиштата затоа што помеѓу државата и детето стоел директорот кој бил претставник на верските заедници (параграф 35 погоре).
165. Затоа Судот смета дека механизмите на кои се повика Владата не обезбедувале ефикасна заштитна врска помеѓу државните органи и децата од основните училишта и/или нивните родители, и всушност, тоа и одговорало на посебната поделба на улогите во моделот на национални училишта.
166. Според Судот, фактите на овој случај ги покажуваат последиците од непостоењето на заштита и покажуваат дека со ефикасна правна рамка за заштита воведена пред 1973 година можело „разумно оценето, да се очекува дека ќе избегне или барем дека ќе се минимизира ризикот или штетата претрпена“ од страна на жалителката (E и други против Обединетото Кралство, цитиран погоре, параграф 100). Имало над 400 инциденти во кои бил инволвиран ЛХ почнувајќи од средината на шеесеттите години во националното училиште во Дандероу. Пријави во врска со ЛХ биле поднесени во 1971 и 1973 до свештеникот кој имал функција директор, но како што потврдил и Врховниот суд, директорот за тие пријави не известил ниту еден државен орган. Инспекторот кој бил надлежен за тоа училиште имал шест посети во периодот од 1969 до 1973 година и никогаш не му била поднесена пријава во врска со ЛХ. Всушност, не била поднесена пријава за ЛХ до државен орган сè до 1995 година, откако ЛХ се пензионирал. Механизмот за откривање и пријавување кој дозволил едно такво недозволиво постапување да трае толку долго мора да се смета за неефикасен (C.A.S. и C.S. против Романија, бр. 26692/05, параграф 83, 20 март 2012 година). Може основано да се заклучи дека ако биле преземени адекватни мерки во врска со пријавата од 1971 година две години покасно жалителката немала да претрпи злоупотреба од страна истиот наставник во истото училиште.
167. На крај, писмото на професорот Ferguson, на кое се повика Владата, не е наод од истрага подготвен од вештак, туку совет даден пред поведување на постапка во кој неизбежно биле земени предвид прашања како што се шансите за успех во постапката и изложеноста на трошоци. Коментарите на професорот Rollison, на кои исто така се повика Владата, биле насочени кон состојбата на свест за ризикот од сексуална злоупотреба во Обединетото Кралство, додека пак прашањето кое е поставено пред Судот налага посебна оцена на Ирска.
168. Како заклучок, ова не е случај кој директно се однесува на одговорноста на ЛХ, свештеникот кој имал функција на директор или сопственикот на училиштето, родител, или на било кое друго лице во врска со сексуалното злоупотребување на жалителката во 1973 година. Напротив, жалбата се однесува на одговорноста на државата. Попрецизно, со неа се поставува прашањето дали тужената држава требала да знае за ризикот во национални училишта од сексуална злоупотреба на малолетници, како што била жалителката, во времето на настаните и дали таа преку својот правен систем адекватно ги заштитила децата од такво постапување.
Судот заклучи дека заштитата на децата од злоупотреба била инхерентна позитивна обврска на државните органи во седумдесеттите години на минатиот век. Дотолку повеќе, таа била обврска од клучна важност во контекст на основното образование. Таа обврска не била исполнета, кога ирската држава, за која, помеѓу другото со оглед на големиот број на кривични гонења на такви дела, мора да се смета дека знаела за сексуалната злоупотреба на деца од страна на возрасни, и понатаму го доверувала раководењето со основното образование на големото мнозинство на деца во Ирска на недржавни субјекти (национални училишта), без да воведе било каков механизам за ефикасна контрола од страна на државните органи која би спречила да дојде до такви ризици. Напротив, потенцијалните подносители на пријави биле насочени не кон државните органи, туку кон директорите кои биле свештени лица (параграф 163 погоре). Последиците од тоа во овој случај биле непостапувањето од страна на свештеникот со директорски функции по претходните пријави за сексуална злоупотреба од страна на ЛХ, злоупотребата на жалителката од страна на ЛХ која се случувала после тие пријави и погенерално, можноста ЛХ во долг временски период да врши тешки сексуални напади врз бројни други ученици од истото национално училиште.
169. Во тие околности, мора да се смета дека државата не ја исполнила својата позитивна обврска да ја заштити жалителката од сексуалната злоупотреба на која била подложена во 1973 како ученичка во националното училиште во Дандероу. Затоа имало повреда на нејзините права од член 3 од Конвенцијата. Оттука, Судот го одбива претходниот приговор на Владата дека овој жалбен навод е очигледно неоснован.НАВОДНА ПОВРЕДА НА ПРОЦЕДУРАЛНИОТ АСПЕКТ НА ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
170. Жалителката тврдеше дека државата исто така не спровела адекватна истрага ниту пак дала соодветен одговор во судска постапка на докажлив навод [arguable case] за злоупотреба. Tаа тврдеше дека непостоењето на ефикасни механизми за откривање и пријавување значело дека поплаката од 1971 година против ЛХ не била пријавена и довело до протек на голем временски период пред да биде отворена истрага и ЛХ да биде осуден.
171. Владата тврдеше дека постоеле соодветни процедури во 1973 година, но дека не била поднесена пријава до државен орган до 1995 година. Во тој момент, државата ги исполнила своите процедурални обврски: имало полициски истраги, ЛХ бил осуден, бил доделен надомест на штета од страна на КЖКД, граѓанската тужба поднесена од жалителката била успешна, а нејзината тужба за небрежност против државата не успеала воглавно поради недоволно докази.
172. Судот потсетува на принципите објаснети во C.A.S. и C.S. против Романија (цитиран погоре, параграфи 68-70) дека член 3 наложува надлежните органи да спроведат ефикасна истрага за злоупотреба која е наводно извршена од страна на приватни лица и која истрага, во принцип, треба да е од таков карактер да може да доведе до утврдување на фактите на случајот и до откривање и казнување на одоговорните. Таквата истрага треба да се води независно, навремено и доволно брзо. Жртвата треба да може ефикасно да учествува во истрагата.
173. Постоењето на адекватни механизми за откривање и пријавување беше анализирано погоре во котенкст на позитивните обврски на државата од материјалниот аспект на член 3 од Конвенцијата. Процедуралните обврски влегуваат во игра штом случајот допре до државните органи (C.A.S. и C.S. против Романија, параграф 70, со понатамошни референци). Во овој случај, откако пријавата за сексуалното злоупотребување на дете од страна на ЛХ во националното училиште во Дандероу била поднесена до полицијата во 1995 година, била отворена истрага. Жалителката била повикана да даде изјава во 1997 и потоа таа била упатена на психолошко советување (на пример, C.A.S. и C.S. против Романија, параграф 82). LH бил обвинет за 386 случаи на сексуална злоупотреба врз 21 ученик од националното училиште во Дандероу. ЛХ бил осуден и ставен во затвор. Од документите не е јасно дали случајот на жалителката бил вклучен во репрезентативните точки на обвинението: сепак, таа не се противела на фактот што на ЛХ му било овозможено да се изјасни за виновен за репрезентативните обвиненија ниту пак се противела на неговата казна. Што се однесува на прашањата поврзани со тоа што жалителката не можела да добие потврда и надомест за неисполнување на обврската на државата да ја заштити, тие треба да бидат анализирани подолу во пресудата од аспект на член 13 во врска со член 3 од Конвенцијата.
174. Од тие причини, Судот заклучува дека немало повреда на процедуралните обврски на државата согласно член 3 од Конвенцијата.НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 13 ВО ВРСКА СО МАТЕРИЈАЛНИОТ АСПЕКТ НА ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
175. Член 13 во делот во кој е релевантен за овој случај, гласи:
„Секој чии права и слободи признати со оваа Конвенција, се повредени, има право на ефикасен правен лек пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.“
176. Жалителката се жалеше дека таа немала ефикасен правен лек против државата во однос на тоа што државата не ја заштитила од сексуална злоупотреба. Владата тврдеше дека постоеле ефикасни правни лекови и против државата и против недржавните субјекти.
177. Судот потсетува, како и во параграф 115 погоре, дека во случај како овој, член 13 наложува да биде достапен механизам за утврдување на евентуална одговорност на државни службеници или органи за акти или пропуштања со кои се повредува Конвенцијата и дека надоместот на нематеријалната штета кој произлегува од таа повреда треба исто така да биде дел од низата на достапни лекови (Z и други против Обединетото Крластво, цитиран погоре, параграф 109). Судот исто така потсетува на релевантната судска пракса и принципите наведени во параграфите 107-108 oд пресудата во случајот McFarlane против Ирска ([ГСC], бр. 31333/06, 10 септември 2010 година). Поконкретно, задача на Судот е да утврди, со оглед на аргументите на странките, дали споменатите процедури претставувале ефикасни лекови кои на жалителката ѝ биле достапни и во теорија и во пракса, што значи, дека биле достапни, дека можеле да обезбедат обештетување и да понудат разумни изгледи за успех. Исто така Судот ја нагласува важноста на отворање на можноста за создавање на правни лекови во систем кој е заснован на прецедентно право [common law] и на пишан Устав (види, посебно, D против Ирска, бр. 26499/02, (одлука), параграф 85, 27 јуни 2006 година).
A. Правни лекови во граѓанска постапка против недржавни субјекти
178. Владата тврдеше дека жалителката требала да го тужи поранешниот и/или сегашниот сопственик/патрон на училиштето, диоцезата во која тој бискуп, директорот и/или де факто директорот или нивните наследници, нагласувајќи дека судијата Hardiman J oд Врховниот суд заклучил дека е „забележително“ што жалителката не го сторила тоа. Без да бидат засегнати нејзините првични аргументи дека бил потребен правен лек против државата, жалителката воочи дека сопственикот и директорот биле починати во моментот на поднесување на тужбата, дека сегашниот бискуп негирал одговорност во одговор на нејзиниот допис пред поведување на постапката и дека законот бил во негова полза затоа што бискупот не можел да биде тужен, затоа што тој не бил правно лице во кое обврските преминуваат на наследниците.
179. Со оглед на тоа што Судот смета дека жалителката имала право на правен лек преку кој би се утврдила евентуална одговорност на државата, предложените граѓански тужби против други лица и недржавни субјекти мора да се сметаат за неефикасни во дадениот случај, без оглед на изгледите за успех (во однос на сопственикот и директорот) и без оглед на можноста за добивање на надомест на штета (тужба против ЛХ). Исто така осудата на ЛХ на која се повика Владата, иако е од централна важност за процедуралните гаранции на член 3, не може да се изедначи со ефикасен правен лек за жалителката во смисол на член 13 од Конвенцијата.
Б. Граѓански правни лекови против државата
1. Аргументи на странките
180. Владата истакна дека жалителката требала да тврди дека имало одговорност на државата за актите на сопственикот и директорот. Сепак, Владата воглавно се фокусираше на два други правни лекови. Најпрво, таа се повика на тужба во која би се тврдело дека системот за основно образование, предвиден во член 42 од Уставот, го повредил нејзиното право на физички интегритет тацитно гарантирано со Уставот (тужба за уставна одговорност). Второ, Владата тврдеше таа можела да продолжи со својата тужба за небрежност во жалбата до Врховниот суд тврдејќи дека државата не го структуирала образовниот систем на начин таа да биде заштитена од злоупотреба, што одговарало на нејзините наводи поднесени по член 3 од Конвенцијата. Високиот суд ги одбил нејзините наводи со куса одлука затоа што таа не доставила никакви докази: всушност, нејзиниот вештак (професорот Фергусон, параграф 24 погоре) ја советувал против застапување на теза заснована на тоа дека државата не било недоволно запозната со ризикот од злоупотреба. Затоа според Владата би било дволично жалителката да има оправдание за неподнесувањето на жалба затоа што немала доволно докази. Во секој случај, Владата тврдеше дека имало домашна судска пракса која посочувала дека одлука одбиена поради недоволно докази можела да биде обжалена и, дека жалителката можела да поднесе жалба затоа што Високиот суд не дал јасни причини за таа одлука и затоа што не се осврнал посебно на нејзиниот навод за небрежност.
181. Жалителката истакна дека таа во домашната постапка, тврдела дека има одговорност на државата за актите и пропуштањата на сопственикот и/или директорот. Таа исто така ја оспори ефикасноста на двата други правни лека на кои се повика Владата. Одлуката со која Високиот суд го одбил нејзиното тужбено барање за уставна одговорност не можела да биде обжалена. Според жалителката, државата обезбедувала заштита за тацитно признатото право на физички интегритет во Уставот, преку системот на надомест за штета за граѓански деликт [tort] и не постоела посебна постапка за надомест на штета за повреда на уставното право на физички интегритет. Исто така ни тужбата заснована на небрежност на државата не би била ефикасна. Во прв степен било заклучено дека нема доволно докази за таа тужба, и иако не биле дадени причини, тоа било очигледно така затоа што жалителката не докажала prima facie случај на небрежност. Сепак, жалителката истакна дека таа не ги имала потребните средства за водење на потребната истрага, чиј обемност била подоцна демонстрирана со огромните средства кои државата ги вложила и кои биле потребни за истрагата и извештајот на Комисијата Ryan (параграф 77 погоре). Според неа, жалба против одлука на Високиот суд во која се констатира дека нема доволно докази немала изгледи за успех, без оглед дали се применува судската пракса на која се повикала Владата или не.
2. Аргументи на Ирската комисија за човекови права
182. Комисијата не сметаше дека правниот лек за утврдување на уставна одговорност е ефикасен. Посебно, од Комисијата посочија дека, иако судовите, теоретски, ја поддржувале идејата за воведување на правни лекови за наводни повреди на уставни права (Byrne v. Ireland [1972] IR 241, стр. 281; и Meskill v. Ireland [1973] IR 121), истите судови имале тенденција да го избегнуваат заменувањето на правни лекови предвидени со закон и создадени со прецедентното право [common-law remedies] со посебен уставен режим на правни лекови, така што судовите се повикувале на постоечките правни лекови предвидени согласно правилата за граѓанска одговорност (W v. Ireland (no. 2) ([1999] 2 IR 141). Комисијата истакна дека токму тоа се случило во овој случај за да се избегне тужба против државата заснована на Уставот, доволно било да се пренасочи жалителката на поведување постапка за граѓанска одговорност за повреда на нејзините права на физички интегритет/приватност. Сепак, карактерот на категориите на граѓанска одговорност (небрежност/одговорност за акти на друго лице) ги дефинирале обврските и одговорноста на државата, а не ѝ наметнувале поширока должност на државата да ги заштити правата на детето во системот на јавно образование. Тоа, од друга страна, го отворало прашањето дали правникот лек за утврдување на граѓанска одговорност претставувал лек кој е адекватен за заштита на материјалните уставни права на жалителката, и не само поради тоа што тој правен лек се фокусирал на однесувањето на државните органи, а не на правата на жалителката.
3. Оцена на Судот
183. Судот оценува дека Владата не ја докажа ефикасноста на ниту еден од правните лекови кои можеле да бидат поднесени против државата.
184. Најпрво, Врховниот суд го одбил наводот за одговорност на државата за актите на наставникот ЛХ, кој не бил свештено лице и чија плата била финансирана од државата. Утврдувањето на одговорност на државата за акти и пропуштања на сопственикот и/или директорот, кои биле свештени лица и кои не добивале плата од државата било затоа уште поневеројатно. Во тој смисол, судијата Fennelly J воочил дека не може да постои одговорност на државата за директорот затоа што тој не бил вработен од државата (параграф 45 погоре).
185. Второ, тужбено барање против државата за небрежност би наложувало, помеѓу другото, признавање на однос помеѓу државата и жалителката од таква блискост да тој доведувал до должност за грижа од страна на државата кон жалителката (параграф 66 погоре). Сепак, со оглед на поставувањето на директори свештени лица кои стојат помеѓу државата и децата, без контрола на државата, се чини дека е невозможно постоењето на таква должност за грижа (види исто така опис на судијата Hardiman J во параграф 35 и 39 погоре).
186. Tрето, Владата тврдеше дека жалителката требала да остане на нејзиното барање за уставна одговорност пред Врховниот суд (параграф 180 погоре). Сепак, дури и ако Врховниот суд не ја насочел кон постоечките правни лекови за граѓанска одговорност како што направил Високиот суд, Владата не покажа со доставување на релевантна судска пракса, како државата може да се земе на одговорност за повреда на нејзиното уставно право на физички интегритет поради систем кој бил посебно предвиден со член 42 од Уставот. Без разлика дали жалителката правилно се повикала на овој основ пред Врховниот суд, тој во секој случај бил отфрлен од судијата на Врховниот суд Hardiman J (параграф 40 погоре).
В. Заклучок на Судот
187. Од овие причини, Судот смета дека не беше покажано дека на жалителката ѝ бил достапен ефикасен правен лек во врска со нејзините наводи засновани на материјалниот аспект на член 3 од Конвенцијата. Затоа имало повреда на член 13 од Конвенцијата. Судот затоа го одбива претходниот приговор на Владата дека овој навод е очигледно неоснован.
...
VI. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
196. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
A. Штета
1. Аргументи на странките
197. Жалителката побара 223,000 ЕУР за нематеријална штета: надоместот доделен од Високиот суд во износ од 250,000 ЕУР (обична штета и штета за потешки дела) минус надоместот на КЖКД за нематеријална штета во износ од 27,000 ЕУР и под претпоставка дека државата нема да бара жалителката да го врати надоместот доделен од КЖКД. Таа се повика на наодите на лекари и психијатри дадени на Високиот суд за ефектите кои сексуалната злоупотреба ги имала врз неа. Со оглед на карактерот на злоупотребата, нејзиното траење и нејзините ефекти, таа сметаше дека повредата на член 3 треба да се смета за исклучително тешка. Таа побара 5104 ЕУР за материјална штета, кој износ го барала и го добила од Високиот суд како посебен надомест. Овој надомест се однесувал на минати и идни трошоци за лекување, патни и други трошоци поврзани со сексуалната злоупотреба која ја преживеала жалителката. Жалителката се согласи дека надоместот доделен од КЖКД, како и парите кои веќе ѝ ги исплатил ЛХ, претставувале делумна оштета.
198. Владата тврдеше дека барањата на жалителката за надомест на материјална и нематеријална штета не биле соодветно поделени по точки ниту пак биле поткрепени со докази, и Владата сметаше дека немало причинско-последична врска помеѓу најдената повреда и бараниот надомест. Владата не предложи износ на надомест за нематеријална штета, но го оспори повикувањето на жалителката без посебно објаснување на надоместот доделен од Високиот суд. Таквото повикување било несоодветно (затоа што надоместот се однесувал на акти на ЛХ, а не на државата) и недоволно (надоместот на Високиот суд не бил оспорен од ЛХ). Според Владата, на жалителката до денес ѝ биле исплатени определени износи, таа имала на располагање низа механизми за извршување во однос на ЛХ, а државата не била одговорна за финансиите на ЛХ. Владата исто така нагласи дека надоместот доделен од КЖКД бил од средства обезбедени од државата и воочи дека жалителката го потврдила значењето на тој надомест во однос на евентуална одлука на Судот за правично задоволување. Владата исто така го оспори повикувањето на жалителката, во поглед на нејзиното барање за надомест на материјална штета поднесено до овој Суд, на надоместот доделен од Високиот суд за посебна штета.
2. Оцена на Судот
199. Судот повторува дека член 41 го овластува на оштетената страна да ѝ додели таков надомест каков што смета дека е соодветен.
200. Ако Судот утврди повреда на важно право од Конвенцијата која довела со голема болка и страдање, Судот може да додели износ за нематеријална штета (види, на пример, El Masri против Поранешна Југословенска Република Македонија [ГСC], бр. 39630/09, параграф 269, ECHR 2012).
201. Што се однесува на материјална штета, мора да постои јасна каузална врска помеѓу бараниот надомест и најдената повреда на Конвенцијата. Тоа што карактерот на штета која произлегува од таква повреда е непредвидлив може да го попречи прецизното пресметување на износите кои се потребни за враќање во поранешната состојба (restitutio in integrum), но надомест може да биде доделен: прашањето е степенот на правично задоволување, во однос на мината и идна финансиска загуба, кое треба да се додели, и тоа е прашање кое е дискрециона оцена на Судот, имајќи ги предвид принципите на правичност (E. и други против Обединетото Кралство, цитиран погоре, параграфи 120-121).
202. Судот ги воочи доказите прифатени од страна на Високиот суд во однос на минатите и идни финансиски загуби на жалителката (кои воглавно се состојат од минати и идни трошоци за лекување и психијатриска терапија) и износот од 5104 ЕУР доделен во тој поглед. Понатаму, со оглед на карактерот на тешката форма на злоупотреба на која била изложена жалителката, Судот смета дека неа ѝ била нанесена нематеријална штета којашто не може во доволна мера да се надомести само со утврдување на повреда на Конвенцијата. Иако треба да се прави разлика помеѓу надомест доделен на домашно ниво за прашање кое не подразбира одговорност на државата и наводите во оваа жалба кои се фокусирани на одговорност на државата, Судот смета дека при секое доделување на надомест согласно член 41 мора да се земе предвид надоместот доделен од Високиот суд (вкупно 305,104 ЕУР) како и учеството на сумите кои биле и ќе бидат исплатени од страна на ЛХ во таквиот надомест. Исто така мора да се земе предвид и надоместот доделен од КЖКД и кој ѝ бил исплатен на жалителката (53,962.24 ЕУР), под претпоставка дека жалителката нема да биде задолжена да го врати тој износ. И двата износа содржат елементи кои се однесуваат и на материјална и на нематеријална штета.
203. Со оглед на паричниот надомест кој до денес ѝ е исплатен на жалителката и со оглед на неизвесноста на исплатите од страна на ЛХ во иднина, Судот одлучи да додели глобален износ за надомест на материјална и нематеријална штета. Затоа, одлучувајќи на правична основа, Судот го доделува износот од 30,000 ЕУР за материјална и нематеријална штета, плус секој данок кој може да биде пресметан на тој износ.
...
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
...
3. Одлучува, со единаесет гласа за и шест против, дека имало повреда на материјалниот аспект на член 3 од Конвенцијата во поглед на тоа што државата не ја исполнила својата обврска да ја заштити жалителката и, затоа, го одбива, приговорот на Владата дека овој навод е очигледно неоснован;
4. Одлучува, со единаесет гласа за и шест против, дека имало повреда на член 13 од Конвенцијата во врска член 3 од неговиот материјален аспект, поради непостоењето на ефикасен правен лек во однос на неисполнувањето од страна на државата на нејзината обврска да ја заштити жалителката и, затоа, го одбива приговорот на Владата дека овој навод е очигледно неоснован;
5. Одлучува, едногласно, дека немало повреда на процедуралниот аспект на член 3 од Конвенцијата;
...
7. Одлучува, со единаесет гласа за и шест против,
(a) дека тужената држава треба да ѝ ги плати на жалителката, во рок од три месеци, следните износи:
(i) 30,000 ЕУР (триесет илјади евра), плус секој данок кој може да биде пресметан на тој износ, во однос на материјална и нематеријална штета; ...
Изработена на англиски и француски јазик, и објавена на јавна расправа одржана во Зградата на човековите права, Стразбур, на 28 јануари 2014 година.
Michael O’BoyleDean Spielmann
Заменик секретарПретседател
Во согласност со член 45, став 2 од Конвенцијата и правило 74, став 2 од Правилата на Судот, следните издвоени мислења се приклучени кон оваа пресуда:
(a) издвоено мислење на судијата Ziemele;
(б) заедничко делумно спротивставено мислење на судиите Zupančič, Gyulumyan, Kalaydjieva, De Gaetano и Wojtyczek; и
(б) делумно спротивставеното мислење на судијата Charleton.
D.S.
M.O’B.
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2014.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy