© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund) . Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund) . It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund) . Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка од судската пракса на Судот бр. 159
Јануари 2013 г.
Олександр Волков против Украина - 21722/11 (Oleksandr Volkov v. Ukraine)
Пресуда 9.1.2013 [Секција V]
Член 6
Граѓански постапки
Член 6-1
Непристрасен суд
Независен суд
Структурални грешки во системот на судската дисциплина: повреда.
Правична расправа
Отсуство на временско ограничување за изречување на дисциплинска казна против судии и злоупотреба на системот за електронско гласање во Парламентот при усвојување на одлуката за разрешување на судијата: повреди.
Со закон воспоставен суд
Составот на судскиот совет што го разгледувал случајот на жалителот дефиниран од судија чиј мандат на функцијата претседател на судот истекол: повреда.
Член 8
Член 8-1
Почитување на приватниот живот
Разрешување на судија за „прекршување на заклетва“ во отсуство на доследно толкување на тоа дело и на потребните процедурални заштити: повреда.
Член 46
Член 46-2
Извршување на пресудата
Мерки од општ карактер
Од тужената држава се бара да го реформира системот на судска дисциплина.
Извршување на пресудата
Индивидуални мерки
Тужената држава треба да обезбеди враќање на жалителот на местото судија на Врховниот суд колку што е можно поскоро.
Факти – Од 2003 г. жалителот бил судија на Врховниот суд на Украина, а од 2007 г. претседател на Воениот судски совет на тој суд. Во 2007 г. бил избран на местото член на Високиот совет на правдата („ВСП“), но не го зазел местото по одбивањето на претседателот на Парламентарната комисија за судство („Парламентарната комисија“) да му дозволи да даде заклетва. Во 2008 и 2009 г. двајца членови на ВСП – од кои едниот подоцна бил избран за претседател на ВСП – спровеле прелиминарни проверки за можна злоупотреба на службената позиција од страна на жалителот. Тие заклучиле дека тој разгледувал одлуки што ги усвоил братот на жена му – некои од нив од 2003 г. – и дека бил виновен за големи процедурални повреди, а некои од неговите дејствија датирале од 2006 г. По нивните проверки претседателот на ВСП поднел две барања до Парламентот за разрешување на жалителот од местото судија. Во 2010 г. Парламентот откако ги разгледал овие молби од страна на ВСП и препораката на Парламентарната комисија гласал за разрешување на жалителот заради „прекршување на заклетвата“. Според жалителот за време на електронското гласање мнозинството членови на Парламентот биле отсутни, а оние присутните ги користеле картичките за гласање кои им припаѓале на нивните отсутни колеги. Жалителот го оспорил неговото разрешување пред Високиот управен суд, кој утврдил дека барањето на ВСП за негово разрешување после истрагата на претседателот на ВСП било законско и поткрепено. Високиот управен суд понатаму утврдил дека одлуката на ВСП заснована на резултатите од другата истрага биле незаконска, бидејќи жалителот и братот на неговата жена не биле сметани за роднини согласно законската регулатива што била на сила во тоа време. Меѓутоа, тој одбил да ги поништи актите на ВСП во овој случај забележувајќи дека согласно важечките одредби немал овластување да го стори тоа. Високиот управен суд понатаму забележал дека немало никакви процедурални повреди ниту пред парламентарната комисија ниту пред Парламентот.
Право - Член 6 § 1
(a) Примена – Во одлучувањето за случајот на жалителот и носењето на обврзувачката одлука, ВСП, парламентарната комисија, и Парламентот на пленарната седница вршеле комбинирана судска функција. Обврзувачката одлука за разрешување на жалителот била дополнително разгледана од ВУС, што бил класичен суд во рамките на домашното судство. Не може да се заклучи дека националното право „изречно попречило пристап до суд“ за жалбата на жалителот. Членот 6 затоа се применувал во неговиот граѓански дел.
Казната што му била изречена на жалителот била класична дисциплинска мерка за професионална злоупотреба на службената должност и, во смисла на домашното право, била спротивна на санкциите на кривичното право за свесно носење на незаконска одлука од страна на еден судија. Исто така е релевантно да се забележи овде дека разрешувањето на жалителот од местото на судија формално не го спречило да практикува право во друга функција во рамките на правната професија. Затоа членот 6 не се применувал во неговиот кривичен дел.
(б) Независност и непристрасност на телата кои одлучувале во случајот на жалителот
(i) ВСП: Во однос на дисциплинската постапка против судиите, потребата од битно учество на судиите во релевантното дисциплинско тело е признато во Европската повелба за статусот на судиите. Меѓутоа, ВСП се состоел од дваесет членови кои биле назначени од различни тела. Тројца членови биле директно назначени од Претседателот на Украина, тројца од Парламентот на Украина и двајца од Сеукраинската конференција на обвинители. Министерот за правда и генералниот обвинител биле членови на ВСП по службена должност. Лицата што не биле од судската фела, а кои биле назначувани директно од извршната и законодавната власт го сочинувале поголемото мнозинство на членови на ВСП. Како резултат за случајот на жалителот одлучувале шеснаесет членови на ВСП кои биле присутни на расправата, од кои само тројца биле судии. Исто така само четворица членови на ВСП работеле таму со полно работно време. Другите членови и понатаму работеле и примале плата надвор од ВСП што неизбежно значело нивна материјална, хиерархиската и административната зависност од нивните примарни работодавци што ја ставало во опасност и нивната независност и нивната непристрасност. Судот упатил исто така на мислењето на Венецијанската комисија дека присуството на генералниот обвинител во тело засегнато со назначување, дисциплинирање и разрешување на судии креирало ризик дека судиите немало да делуваат непристрасно во такви случаи или дека генералниот обвинител немало да делува непристрасно кон судиите чии одлуки не ги одобрувал. Исто така членовите на ВСП кои ги спровеле прелиминарните проверки во случајот на жалителот и поднеле барања за негово разрешување последователно зеле учество во одлуките за разрешување на жалителот од функцијата. Еден од тие членови бил назначен за претседател на ВСП и претседавал со расправата по случајот на жалителот. Улогата на тие членови во поднесувањето на дисциплинското обвинение против жалителот, врз основа на резултатите на нивните сопствени прелиминарни проверки наметнувало објективен сомнеж во нивната непристрасност кога се одлучувало за основаноста на случајот на жалителот. Соодветно на тоа фактите на актуелната жалба откриваат низа сериозни прашања кои посочуваат на структурални недостатоци во постапките пред ВСП и постоењето на лична пристрасност кај некои членови на ВСП кои одлучувале во случајот на жалителот. Постапките пред ВСП оттука не биле компатибилни со принципите на независност и непристрасност кои се бараат од членот 6 § 1.
(ii) Парламентарната комисија: Претседателот на комисијата и еден од неговите членови исто така биле членови на ВСП и зеле учество во одлучувањето во случајот на жалителот во двете инстанци. Соодветно на тоа, можеби не делувале непристрасно кога ги разгледувале поднесоците на ВСП. Покрај тоа, размислувањето на Судот во врска со отсуството на лична непристрасност е подеднакво важно во оваа фаза на постапката Исто така соодветно внимание треба да му се посвети на фактот дека претседателот заедно со двајца членови на парламентарната комисија, се обратиле до ВСП со барање за спроведување на прелиминарна истрага за злоупотреба на службената должност од страна на жалителот. Истовремено, членови на ВСП не можеле да се повлечат бидејќи никаква постапка за повлекување не била предвидена во релевантното законодавство. Ова упатувало на отсуство на соодветни гаранции за придржување на постапките со тест на објективна непристрасност.
(iii) Пленарната седница на Парламентот: Во оваа фаза одлучувањето за случајот било ограничено на усвојување на обврзувачка одлука заснована на наодите претходно усвоени од ВСП и Парламентарната комисија. Сè на сè постапката на пленарната седница не била соодветен форум за разгледување на фактичките и правните прашања, за проценување на доказите и давање правна карактеризација на фактите. Улогата на политичарите во Парламентот, од кои не се барало да имаат некакво правно или судско искуство, не била доволно појаснета од Владата и не била оправдана како компатибилна со условот за независност и непристрасност на судот.
(iv) Високиот управен суд: Високиот управен суд бил овластен да прогласи одлуки на ВСП и на Парламентот за незаконски без да може да ги поништи и да преземе некакви чекори. Немало никакво автоматско враќање на позицијата на судија исклучиво на основ на деклараторната одлука на Високиот управен суд. Исто така, Високиот управен суд не ги разгледал на соодветен начин важни аргументи упатени од жалителот. Со тоа судското разгледување на случајот на жалителот не било доволно. Исто така, судиите на Високиот управен суд биле под дисциплинска јурисдикција на ВСП и исто така можеле да бидат предмет на дисциплински постапки пред ВСП. Затоа не можеле да ја демонстрираат „независноста и непристрасноста“ што се бараат во членот 6.
Домашните власти со тоа не успеале на обезбедат независно и непристрасно одлучување за случајот на жалителот и последователно судското ревидирање не го поправило тие грешки.
Заклучок: повреда (едногласно).
(в) Отсуство на временско ограничување за изрекување на дисциплинска казна – Жалителот бил ставен во тешка позиција, бидејќи морал да изгради одбрана пред ВСП во 2010 г. за настани од кои некои се случиле во далечното минато (во 2003 и 2006). Домашното право не предвидувало никакви временски рокови за постапки за разрешување на еден судија за „прекршување на заклетва“. Иако Судот не сметал дека е соодветно да посочува колку долго би требало да биде ова временско ограничување, така отворен пристап кон дисциплинските случаи во судството наметнувало сериозна опасност за принципот на правна сигурност.
Заклучок: повреда (едногласно).
(г) Постапка за гласање на пленарна седница на Парламентот – Одлуката за разрешувањето на жалителот била изгласана во отсуство на мнозинството членови на Парламентот. Присутните парламентарци намерно и незаконски дале гласови кои припаѓале на отсутни колеги. Затоа одлуката била усвоена на начин со кој биле прекршени Уставот, Законот за статусот на парламентарците и Деловникот на Парламентот. Оттука со гласањето бил прекршен принципот на правна сигурност. Високиот управен суд не успал да го реши тоа прашање на соодветен начин.
Заклучок: повреда (едногласно).
(д) Составот на судскиот совет на Високиот управен суд – Согласно домашното право, кадровскиот состав на специјалниот судски совет кој требал да го разгледува случајот на жалителот требало да биде дефиниран од Претседателот на Високиот управен суд, но неговиот петгодишен мандат како претседател веќе истекол кога ова било направено. Релевантните одредби од националниот закон со кои се регулирало назначувањето на претседатели на судовите биле прогласени за неуставни, а нови одредби сè уште не биле усвоени. Во меѓувреме назначувањето на претседатели на судовите било прашање на сериозна контраверзност кај украинските власти. Судот не можел да утврди дали судскиот совет кој одлучувал за случајот бил составен на начин со кој би бил задоволен условот за „со закон воспоставен суд“.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 8: Разрешувањето на жалителот претставувало прекршување на неговото право на почитување на приватниот и семеен живот. Наодот на Судот дека парламентарното гласање за одлуката за негово отстранување од позицијата не било законско согласно домашното право што било доволно за да се одлучи дека попречувањето во прашање не било оправдано и затоа со тоа се кршел членот 8. Во времето кога се одлучувало за случајот на жалителот немало никакви насоки или пракса за воспоставување на делотворно толкување на поимот „прекршување на заклетвата“ и никакви адекватни процедурални заштити не биле воспоставени за да се спречи произволна примена на релевантните одредби. Особено, националното право не утврдувало временски ограничувања за постапките против судија за „прекршување на заклетвата“ со што дискрецијата на дисциплинските власти станала отворена и го поткопала принципот на правната сигурност. Исто така, домашното право не ја поставило соодветната скала на санкции за дисциплински прекршоци и не развило правила кои ја обезбедувале нивната примена во согласност со принципот на пропорционалност. Конечно, немало никаква соодветна рамка за независно и непристрасно ревидирање на разрешувањето заради „прекршување на заклетвата“.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 41: 20.000 евра за нематеријална штета. Прашањето за правичен надоместок во однос на материјалната штета било резервирано.
Член 46
(а) Општи мерки - Случајот обелоденил сериозни системски проблеми во однос на функционирањето на украинското судство. Особено системот на судската дисциплина не обезбедувал доволно издвојување на судството од другите гранки на државната власт. Исто така не обезбедувал соодветни гаранции против злоупотребата и неправилната примена на дисциплинските мерки на штета на судската независност. Тужената држава затоа ќе треба да преземе низа општи мерки насочени кон реформирање на системот на судската дисциплина. Овие мерки треба да вклучуваат законодавна реформа која вклучува преструктуирање на институционалната основа на системот. Исто така овие мерки треба да вклучуваат развој на соодветни форми и принципи за кохерентна примена на домашното право на ова поле.
(б) Индивидуални мерки – Со оглед на неопходноста од реформирање на системот на судска дисциплина повторното отворање на домашните постапки немало да претставува соодветна форма за обесштетување за утврдените повреди. Немало основи да се претпостави дека случајот на жалителот повторно ќе се врател на судење во согласност со принципите на Конвенцијата во блиска иднина. Судот не сметал за потребно да укаже на таква мерка. Земајќи ги во предвид навистина исклучителните околности на случајот и итната потреба да се стави крај на повредите на членовите 6 и 8 Судот одлучил дека тужената држава морала да овозможи жалителот да се врати на местото судија на Врховниот суд колку што е можно поскоро.
© Совет на Европа / Европски суд за човекови права
Ова резиме на Регистратурата не го обврзува Судот.
На овој линк може да се најдат Case-Law Information Notes
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2013.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund) . Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund) . It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund) . Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme () , ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy