© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската пракса на Судот бр. 120
јуни 2009
Opuz против Турција - 33401/02
Пресуда 9.6.2009 [Секција III]
Член 2
Позитивни обврски
Член 2-1
Живот
Фатални повреди кои ги претрпела мајката на апликантот во случај на домашно насилство, во кој органите биле свесни за историјата на насилство на сторителот: повреда
Член 3
Понижувачко постапување
Нехумано постапување
Позитивни обврски
Непреземање соодветни мерки од страна на органите за заштита на апликантката и нејзиното семејство од домашно насилство: повреда
Член 14
Дискриминација
Необезбедување соодветен одговор на сериозно домашно насилство од страна на судскиот систем: повреда
Факти: Во мајката на апликантката било пукано и таа била убиена од страна на сопругот на апликантката во 2002 година, кога се обидела да ѝ помогне на апликантката да го напушти брачниот дом. Во годините кои му претходеле на пукањето, сопругот ги подложил апликантката и нејзината мајка на низа насилни напади, од кои некои резултирале со повреди, оквалификувани од лекарите како опасни по живот. Инцидентите вклучувале тепање, обид за прегазување на двете жени со автомобил (во кој мајката била сериозно повредена), и напад во кој апликантката била прободена со нож седум пати. На органите постојано им било укажувано на инцидентите и на стравот кај жените за своите животи. Иако против сопругот биле покренати кривични постапки за низа дела, вклучувајќи и за закана со смрт, сериозен напад и убиство во обид, во најмалку два случаја тие биле прекинувани откако жените ги повлекувале своите тужби, наводно, под притисок од сопругот. Меѓутоа, со оглед на сериозноста на повредите, судските постапки за прегазување и за ранување со нож продолжиле. Во двата случаи сопругот бил прогласен за виновен. За првото дело бил осуден на затворска казна од три месеци, која подоцна му била заменета со парична казна, додека за второто дело на парична казна која можел да ја плаќа на рати. Насилството кулминирало со фаталното пукање во мајката на апликантот, чин кој мажот, според неговите зборови, го извршил за да ја заштити својата чест. За тоа дело во 2008 година бил прогласен за виновен за убиство и осуден на доживотен затвор. Меѓутоа, бил ослободен во очекување на пресуда по жалба и ги обновил своите закани кон апликантката, која побарала заштита од органите. Дури седум месеци подоцна, откако Европскиот суд побарал информации, биле преземени мерки за нејзина заштита.
Препораките на Комитетот на министрите за заштита на жените од насилство (Rec(2002)5 од 30 април 2002 година) наведуваат дека државите-членки треба да воведат, развијат и/или да ги подобрат националните политики против насилство онаму каде тоа е неопходно. Особено се препорачува казнување за сериозно насилство против жени и воведување мерки кои треба да обезбедат жртвите да можат да покренат кривична постапка и да добијат ефикасна заштита, а обвинителите да го сметаат насилството врз жени за отежнувачки и одлучувачки фактор при одлучување дали да покренат судска постапка или не.
Право: Член 2 – Судот повторува дека кога постои навод дека властите ја прекршиле својата позитивна обврска да го заштитат правото на живот во контекст на нивната должност да спречуваат и сузбиваат кривични дела против поединци, Судот мора да биде убеден дека во тоа време властите знаеле или требало да знаат за постоење реална и директна опасност по живот на идентификувано лице или лица од кривични дела на трета страна, и дека не презеле мерки во рамките на своите овластувања кои, според разумна процена, би се очекувале за да се избегне тој ризик.
(а) Предвидливост на ризикот: Предметот открива образец на ескалирање на насилството против апликантката и нејзината мајка, кое било доволно сериозно за да оправда превентивни мерки, како и дека постоела постојана закана по нивното здравје и безбедност. Очигледно е дека сопругот бил евидентиран како сторител на домашно насилство и дека, според тоа, постои значителен ризик од натамошно насилство. Оваа ситуација им била позната на властите, а две недели пред својата смрт, мајката ја известила канцеларијата на јавниот обвинител дека нејзиниот живот е директно загрозен и побарала полициска интервенција. Според тоа, можноста од смртоносен напад можела да се предвиди.
(б) Дали властите презеле соодветни мерки: Првото прашање е дали властите оправдано не спровеле кривична постапка против сопругот откако апликантката и нејзината мајка ги повлекле своите тужби. Судот почна со испитување на практиката во државите-членки. Притоа утврди дека, иако не постои општ консензус, практиката покажува дека колку е посериозно делото или колку е поголем ризикот од натамошни дела, поверојатно е дека обвинението ќе продолжи во јавен интерес дури и ако жртвата ја повлече својата тужба. При одлучувањето дали да се продолжи со обвинението, потребно е да се земат предвид различни фактори. Тие се однесуваат на делото (негова сериозност, природа на повредите на жртвата, употреба на оружје, планирање), престапникот (неговото досие, ризикот од повторување на делото, историјата на насилство), жртвата и потенцијалните жртви (евентуален ризик по нивното здравје и безбедност, евентуални дејства врз децата, постоење натамошни закани од напад), и односот меѓу престапникот и жртвата (историјат и сегашен статус, и ефекти од спроведување обвинението наспроти желбите на жртвата). Во случајот на апликантката, наспроти образецот на насилство и користење смртоносно оружје, властите во неколку наврати ја отфрлале постапката против сопругот за да избегнат мешање во, како што сметале, „семејно прашање“ и изгледа дека не ги зеле предвид мотивите кои стоеле зад повлекувањето на тужбите, и покрај тоа што биле информирани за смртните закани. Во однос на аргументот дека властите биле спречени да постапуваат според законското правило кое спречува обвинение кога тужбата е повлечена, освен ако криминалниот чин не резултирал со најмалку десет дена боледување или неспособност за работа, во таа законска рамка недостасува барањето што им е својствено на позитивните обврски на државата во однос на заштитата од домашно насилство. Исто така, не може да се тврди дека продолжување со обвинението би ги повредило правата на жртвата според член 8 од Конвенцијата, бидејќи сериозноста на ризикот по мајката на апликантката предизвикал таквата интервенција да биде неопходна.
Во однос на изјавата на Владата дека не постоеле материјални докази за директна загрозеност на животот на мајката, Судот забележува дека властите не се зафатиле да ја проценат заканата упатена од страна на сопругот и врз основа на тоа да заклучат дека задржувањето во притвор е несразмерно на заканата. Наместо тоа, тие воопшто не го разгледале прашањето. Во секој случај, во предметите на домашно насилство, правата на сторителите на домашно насилство не можат да бидат пред правата на жртвите на живот и на физички и психички интегритет.
На крај, Судот забележува дека властите требале да наложат заштитни мерки во согласност со Законот за заштита на семејството (Закон бр. 4320) или да му издадат судска забрана на сопругот за контактирање, комуницирање и приближување до мајката на апликантката или за пристап во соодветни места. Сè на сè, тие не покажале должно внимание и според тоа не ги исполниле своите позитивни обврски за заштита на правото на мајката на апликантката на живот.
(в) Ефективност на истрагата: Кривичната постапка која е резултат на смртниот случај трае повеќе од шест години, и постапката по жалба сè уште е во тек. Ова не може да се опише како брз одговор од страна на властите на случај на намерно убиство, во кој прекршителот веќе ја признал вината.
Како заклучок, кривично-правосудниот систем, каков што е применет во случајот на апликантката, не дејствуваше доволно застрашувачки за да го одврати сторителот. Откако властите биле запознаени со состојбата, тие немале право да се потпираат на ставот на жртвите за да не преземат соодветни мерки, со цел да ги спречат заканите по физички интегритет кои биле упатувани.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 3 – Одговорот на органите на делата на сопругот очигледно бил неадекватен во споредба со сериозноста на неговите дела. Судските пресуди немале никакво забележително превентивно или одвраќачко дејство, и дури покажале определено ниво на толерантност со тоа што сопругот бил казнет со кратка затворска казна (заменета со парична казна) за инцидентот со прегазување со автомобил, а дури и повпечатливо, со мала парична казна, која можела да се плаќа на рати, за прободување на апликантката со нож седум пати. Исто така, дури во 1998 година, со влегување во сила на Законот бр. 4320, турското законодавство предвиде конкретни административни и полициски мерки за заштита од домашно насилство, па дури и тогаш, достапните мерки и санкции не беа делотворно применети во случајот на апликантот. Конечно, причина за голема загриженост е тоа што насилството против апликантката не престанало и што властите продолжиле да не преземаат мерки. Наспроти барањето помош од апликантката, ништо не било направено додека Судот не побара од Владата да достави информации за заштитните мерки кои ги презела. Накусо, властите не презеле заштитни мерки во вид на делотворно спречување на сериозно кршење на личниот интегритет на апликантката од страна на нејзиниот поранешен сопруг.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 14, во врска со членовите 2 и 3 – Судот напомнува дека според релевантните прописи и начела на меѓународното законодавство кое е прифатено од страна на мнозинството држави – со непостапување – дури и ненамерно – од страна на државата со цел да ги заштити жените од домашно насилство, се повредува нивното право на еднаква заштита според законот. Извештаи од Адвокатската асоцијација на Дијарбакир и на Амнести интернешнал, кои не се оспорени од страна на Владата, укажуваат дека најголемиот број пријавени жртви на домашно насилство е во Дијарбакир, каде што апликантката живеела во тој период. Сите жртви се жени, повеќето од курдско потекло, неписмени или со ниско ниво на образование и, генерално, без независен извор на приход. Извештаите, исто така, укажуваат дека властите го толерираат домашното насилство и дека достапните правни лекови не функционираат ефикасно. Полициските службеници не ги истражуваат тужбите, туку настојуваат да ја преземат улогата на посредници обидувајќи се да ги убедат жртвите да се вратат дома и да ги повлечат своите тужби. Одложувањата при издавање и спроведување судски забрани се чести, а судовите ги третираат таквите постапки како форма на развод. Сторителите на домашно насилство не добиваат казни што би ги одвратиле од извршување, кои се ублажувани врз основа на обичаите, традицијата или честа.
Така, домашното насилство, главно, ги погодува жените, додека општата и дискриминаторската судска практика во Турција создава погодна клима за тоа. Насилството што го трпеле апликантката и нејзината мајка, според тоа, може да се смета дека е засновано на полот и е дискриминаторско во однос на жените. Наспроти реформите спроведени од страна на Владата во последните години, вкупната пасивност на судскиот систем и неказнувањето кое го уживаат сторителите, како што е во случајот на апликантката, укажуваат на недоволна посветеност на властите да преземат соодветни мерки за решавање на семејното насилство.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 41 – ЕУР 30.000 во однос на нематеријална штета.
На овој линк може да се најдат Case-Law Information Notes
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy