© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТИ ОДДЕЛ
CЛУЧАЈ OTHMAN (ABU QATADA) против ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
(Жалба бр. 8139/09)
(Извадоци)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
17 јануари 2012
КОНЕЧНА
09/05/2012
Во случајот Othman (Abu Qatada) против Обединетото Кралство,
Европскиот суд за човекови права (Четврти оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Lech Garlicki, Претседател,
Nicolas Bratza,
Ljiljana Mijović,
Davíd Thór Björgvinsson,
Ledi Bianku,
Mihai Poalelungi,
Vincent A. De Gaetano, судии,
и Lawrence Early, Секретар на оддел,
Откако расправаше на затворена седница на 13 декември 2011,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на тој датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 8139/09) против Обединетото Кралство поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на државјанин на Јордан, г-н Omar Othman („жалителот), на 11 февруари 2009.
2. Жалителот беше застапуван од г-ѓа G. Peirce, адвокат од Лондон од фирмата Birnberg Peirce & Partners. Неа ѝ асистираа г-н E. Fitzgerald QC, г-н R. Husain QC и г-н D. Friedman, адвокати. Владата на Обединетото Кралство ја застапуваше нејзиниот агент, г-ѓа L. Dauban, од Форин и Комонвелт Офисот.
3. Жалителот тврдеше, поконкретно, дека тој би бил изложен на вистински ризик од злоупотреба спротивно на член 3 од Конвенцијата, и на флагрантно негирање на правдата, спротивно на член 6 од Конвенцијата, ако тој биде депортиран во Јордан.
4. На 19 февруари 2009 Претседателот на Судскиот совет на кој му беше распределена жалбата одлучи да го примени правилото 39 од Правилата на Судот, посочувајќи ѝ на Владата дека е пожелно во интерес на странките и правилното водење на постапката, жалителот да не биде депортиран додека Судот одлучува по жалбата.
На 19 мај 2009 Судот одлучи да ја комуницира жалбата до Владата. Исто така одлучи дека ќе донесе одлука за допуштеноста и основаноста на жалбата истовремено (член 29 § 1 oд Конвенцијата).
5. И жалителот и Владата доставија опсервации (правило 59 § 1 од Правилата на Судот). Покрај тоа, беа доставени и коментари од вмешувачите невладини организации: Amnesty International, Human Rights Watch и JUSTICE, на кои Претседателот на Судскиот совет им дозволи да се вмешаат во писмениот дел од постапката (член 36, став 2 oд Конвенцијата и правило 44, став 2). Странките одговорија на тие коментари (правило 44, став 5).
6. Јавна расправа се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 14 декември 2010 (правило 59, став 3).
Пред Судот пристапија:
(a) за Владата
г-ѓаL. Dauban, Агент,
г-нM. Beloff QC,
г-ѓаR. Tam QC,
г-нT. Eicke, Застапници,
г-нN. Fussell,
г-нA. Gledhill,
г-нT. Kinsella,
г-нA. Rawstron,Советници;
(б)
г-ѓаG. Peirce,Адвокат,
г-нE. Fitzgerald QC,
г-нD. Friedman,Застапници.
Судот ги слушна обраќањата од г-н Beloff и г-н Fitzgerald и нивните одговори на прашања поставени од Судот.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
A. Вовед
7. Жалителот е роден во 1960 во близина на Витлеем, во тоа време под администрација на Кралството Јордан. Тој пристигнал во Обединетото Кралство во септември 1993, откако побегнал од Јордан и отишол во Пакистан. Нему му било прифатено барањето за азил, најпрво, врз основа на тоа што тој бил лишен од слобода и измачуван во март 1998 и 1990-91 од страна на Јорданските власти, и второ, затоа што бил притворен и покасно му бил одреден куќен притвор во две други прилики. На жалителот му бил признаен статус на бегалец на 30 јуни 1994 и му било дозволен престој до 30 јуни 1998. Како што е вообчиаена практика, Државниот секретар не дал причини за неговата одлука со која му бил признат статус на бегалец на жалителот.
8. На 8 мај 1998 жалителот побарал да му биде дозволен неограничен престој во Обединетото Кралство. По барањето не било одлучено пред апсењето на жалителот на 23 октомври 2002. На тој датум тој бил лишен од слобода согласно Законот за антитероризам, криминал и безбедност од 2001 (види A. and Others v. the United Kingdom [GC], no. 3455/05, § 90, 19 February 2009). Кога Законот бил укинат во март 2005, жалителот бил ослободен со гаранција и потоа му била изречена наредба за контрола согласно Законот за спречување на терорирзам од 2005 (ibid., параграфи 83-84). На 11 август 2005, додека сѐ уште се одлучувало по неговата жалба против наредбата за контрола, Државниот секретар му доставил известување дека ќе биде депортиран (види дел Г, параграф 25 подолу).
Б. Претходни кривични постапки во Јордан
1. Процесот реформа и предизвик
9. Во април 1999, жалителот бил осуден во отсуство во Јордан за заговор да се предизвикаат експлозии, во процесот познат како случајот „реформа и предизвик“. Тој бил дванаесеттиот од тринаесет обвинети.
10. Во случајот се работело за наводи за заговор да се извршат бомбашки напади во Јордан, кој резултирал со успешни напади на Американското училиште и хотелот Ерусалим во Аман во 1998. Имало и осуди за кривичното дело членување во терористичка група, но, тие прашања биле предмет на општа амнестија. На крајот на процесот на жалителот му била изречена казна доживотен затвор со тешка физичка работа.
11. Во текот на судењето, еден сведок, Mohamed Al-Jeramaine, признал дека тој бил вклучен во бомбашките напади, а не обвинетите. Државниот суд за безбедност кој одлучувал во случајот сметал дека неговото признание е лажно, и дека тоа било очигледно, со оглед на непоклопувањето помеѓу она што тој кажал за видот на експлозивите, на пример, и останатите технички докази. На г-н Al-Jeramaine подоцна му била извршена смртната казна за убиства за кои бил осуден во друг процес.
12. Жалителот тврди дека доказите против него воглавно се засноваат на обвинувачка изјава од сообвинет, Abdul Nasser Al-Hamasher (исто така познат како Al-Khamayseh). Во неговото признание до Јавниот (или Државниот) обвинител, г-н Al-Hamasher навел дека жалителот дал претходна поддршка за нападите. Исто било кажано дека тој ѝ честитал на групата после нападите.
13. Г-н Al-Hamasher, заедно со неколку дуги обвинети, се жалел во текот на постапката пред Државниот суд за безбедност дека биле мачени од страна на Службата за општо разузнавање на Јордан („СОР“), која ја дели надлежноста за одржување на внатрешната безбедност и мониторирање на безбедносни закани во Јордан со Службата за јавна безбедност и војската. На крајот на испрашувањето во текот на кое тие тврделе дека биле мачени, Јавниот обвинител зел изјави од секој од обвинетите.
14. На судењето имало изјави на адвокати и лица кои ги прегледале обвинетите и нивни роднини дека имало видливи знаци на мачење на обвинетите. Сепак, Државниот суд за безбедност заклучил дека обвинетите не можеле да докажат дека имало тортура.
15. Биле поднесени повеќе жалби до Касациониот суд, и случајот бил вратен повеќе пати на повторно одлучување на Државниот суд за безбедност, иако, затоа што жалителот бил осуден во отсуство, не биле поднесени жалби во негово име. Во текот на одлучувањето по тие жалби, осудите биле потврдени врз основа на тоа дека релевантните изјави биле дадени пред Јавен обвинител. Признанијата во тие изјави затоа претставувале доволен доказ за осуда ако судот ги прифател и ако Јавниот обвинител бил убеден во признанијата. Касациониот суд го отфрлил наводот дека Јавниот обвинител морал да докаже дека обвинетите му признале по нивна волја: Јавниот обвинител имал обврска да докаже дека признанието било дадено доброволно само кога признанието не му било дадено нему. Признанијата за кои станува збор биле автентични и немало докази дека тие биле дадени под финансиска или нематеријална принуда.
16. Касациониот суд потоа го разгледал влијанието на наводите дека признанијата дадени на Државниот обвинител биле резултат на принуда на обвинетите и нивните семејства додека биле притворени од СОР. Такво однесување во текот на истрага било спротивно на јорданското право и извршителите биле подложни на казна. Сепак, дури и ако се претпоставело дека наводите на обвинетите биле точни тоа не би ги поништило признанијата кои биле дадени пред Јавниот обвинител освен ако се докажело дека тие признанија била последица на незаконска принуда да се присилат обвинетите да признаат работи кои не ги направиле. Обвинетите не докажале дека тоа било случај.
17. Како последица на осудувањето на жалителот во овој процес, јорданските власти побарале екстрадиција на жалителот од Обединетото Кралство. На почетокот на 2000, барањето било повлечено од страна на Јордан.
.
2. Процесот милениумски заговор
18. Есента 2000 година на жалителот му бил повторно судено во отсуство во Јордан, овој пат во случај познат како „милениумски заговор“, во кој се работело за заговор да се предизвикаат експлозии на западни и израелски цели во Јордан кои временски би се совпаѓале со прославувањето на милениумот. Заговорот бил откриен пред нападите да можат да бидат извршени. Имало наводи дека жалителот обезбедил пари за компјутер и охрабрување преку неговите написи, кои биле откриени во куќата на сообвинет, Abu Hawsher. Жалителот тврди дека главниот доказ против него било сведочењето на Abu Hawsher.
19. Поголемиот дел од обвинетите биле осудени за најголемиот дел од делата за кои биле обвинети, некои биле целосно или делумно ослободени. Жалителот бил осуден и му била изречена казна затвор во траење од петнаесет години со тешка физичка работа. Други обвинети, вклучувајќи го и Abu Hawsher, биле осудени на смртна казна. По жалба, некои од обвинетите, вклучително, се чини, и Abu Hawsher, тврделе дека биле мачени во текот на педесетте дена на испрашување кога не им бил овозможен пристап до адвокати. Касациониот суд го одбил овој жалбен навод, заклучувајќи дека записниците од испрашувањето покажувале дека секој обвинет бил информиран за правото да се брани со молчење освен ако неговиот адвокат не бил присутен. Жалителот исто така кажува дека Касациониот суд одлучил дека наводната злупотреба на обвинетите додека биле притворени од СОР била ирелевантна заттоа што Државниот суд за безбедност не се повикал на признанијата на обвинетите дадени на СОР туку на нивните признанија дадени на Јавниот обвинител. Смртната казна изречена на Abu Hawsher е сѐ уште во сила.
20. Заклучоците на Специјалната апелациона комисија за имиграција на Обединетото Кралство [the United Kingdom Special Immigration Appeals Commission (SIAC)] (САКИ) во однос на доказите кои биле изведени во текот на судењето се наведени во параграф 45 подолу. Новите докази кои станаа достапни после заклучоците на САКИ и кои беа доставени до Судот, се резимирани во параграфите 94-105 подолу [види го целосниот текст на пресудата, достапна на Hudoc].
В. Склучување на меморандум за разбирање помеѓу Обединетото Кралство и Јордан
21. Во октомври 2001 Форин и Комонвелт Офисот ја советувал Владата на Обединетото Кралство дека член 3 од Конвенцијата забранувал депортација на лица осомничени за тероризам во Јордан. Во март 2003 после преиспитување од страна на Владата на можноста за отстранување на таквите пречки за депортација, од Форин и Комонвелт Офисот потврдиле дека нивниот совет од октомври 2001 бил сѐ уште валиден но, дека се разгледувало дали клучните земји би сакале и би биле способни да обезебедат соодветни гаранции за да гарантираат дека со лица кои можат потенцијално да бидат депортирани ќе се постапува на начин кој е во осгласност со обврските на Обединетото Кралство. Во мај 2003 Државниот секретар за надворешни работи се согласил дека барањето на конкретни и веродостојни гаранции од странски влади, во форма на меморандуми за разбирање, би можело да биде начин за да се овозможи депортација од Обединетото Кралство.
22. Во ноември 2003, на Британската амбасада во Аман ѝ биле дадени инструкции да ја предложи идејата за нацрт меморандум за разбирање (МЗР) до Владата на Јордан. Во февруари 2005, после средби помеѓу Премиерот на Обединетото Кралство и Кралот на Јордан, помеѓу Државниот секретар за внатрешни работи и Министерот за надворешни работи на Јордан, во принцип бил постигнат договор за МЗР.
23. Понатамошни преговори имало во јуни 2005 и МЗР бил потпишан на 10 август 2005. Во МЗР биле наведени низа на гаранции за почитување на меѓународните стандарди за човекови права, кои би се исполнувале кога некој би бил депортиран од една земја во друга (види параграф 76 подолу). Истиот ден, било потпишано дополнително писмо од страна на вршителот на должноста на Амбасадор на Обединетото Кралство во Аман, до јорданското Министерство за внатрешни работи, во кое била запишана способноста на јорданската Влада да даде гаранции во поединечни случаи дека нема да биде спроведена смртна казна. Во однос на жалителот, биле исто така поставени и дополнителни прашања до јорданската Влада во однос на било какво негово повторно судење после депортација, кои биле одговорени во мај 2005 од Правниот советник на јорданското Министерство за надворешн работи.
24. МЗР исто така содржел одредба дека секое лице кое ќе биде депортирано согласно тој меморандум, да контактира со и да има навремени и редовни посети од претставник на независно тело номинирано заеднички од страна на владите на Обединетото Кралство и Јордан. На 24 октомври 2005 Адалех центарот за студии по човекови права („Центарот Адалех“) потпишал договор за мониторирање со Владата на Обединетото Кралство. На 13 февруари 2006 била постигната согласност за описот на должности на Центарот Адалех (види параграф 80 подолу).
Г. Жалбата на жалителот против одлуката за депортација
25. На 11 август 2005, што значи, еден ден откако бил потпишан МЗР, Државниот секретар доставил до жалителот известување дека ќе биде депортиран. Државниот секретар потврдил дека одлуката жалителот да биде депортиран била донесена во интерес на националната безбедност. Жалителот изјавил жалба до САКИ против таа одлука тврдејќи, помеѓу другото, дека не била во согласност со членовите 2, 3, 5 и 6 од Конвенцијата. Повикувајќи се на неговото претходно барање за азил, тој тврдел дека неговата експонираност би значела дека тој би бил од вистински интерес за јорданските власти. Ако би бил вратен, тој исто ќе се ооочел со повторно судење за кривичните дела за кои бил осуден во отсуство. Затоа него би го очекувал долг притвор пред судење (спротивно на член 5), и, ако би бил осуден, тој би се соочил со долготраен затвор. Сите овие фактори значеле дека тој бил изложен на вистински ризик од мачење, или пред судење или после осуда, за да се добие признание од него или за да се добијат информации од него од други причини. Тој исто така бил изложен на ризик од смртна казна или од предавање [rendition] на други земји, како што се Соединетите Американски Држави. Повикувајќи се на член 6, тој тврдел дека негово повторно судење би било флагрантно неправично: Државниот суд за безбедност, воен суд, не бил независен од извршната власт и постоел вистински ризик дека докази добиени со мачење – или од него, од сообвинетите или од други затвореници – ќе бидат дозволени од страна на судот против него.
1. Постапка пред САКИ
(a) Водење на постапката пред САКИ и нејзините заклучоци во однос на националната безбедност
26. Жалбата на жалителот била одбиена од страна на САКИ на 26 февруари 2007. Жалбата била разгледана од САКИ во две фази: „отворена седница“, каде аргументите на Државниот секретар биле презентирани во присуство на жалителот и неговите застапници, и „затворена седница“, каде биле презентирани делови од аргументите на Државниот секретар кои не можеле да бидат откриени од безбедносни причини....САКИ извела докази на затворената седница кои се однесувале на процесот преку кој била постигната согласност за МЗР, степенот до кој тој би го ублажил ризикот од мачење како и докази во однос на заканата која жалителот наводно ја предизвикувал во однос на националната безбедност на Обединетото Кралство („тајни документи“). На затворените седници, жалителот и неговите застапници биле исклучени од присуство, но неговите интереси биле застапувани од специјални адвокати. САКИ потоа донесла „јавна пресуда“ , којашто е достапна за јавноста, и „тајна пресуда“, којашто му била дадена само на Државниот секретар и на специјалните адвокати.
27. При донесувањето на одлуката во однос на тоа дали депортацијата на жалителот била неопходна во интерес на националната безбедност, САКИ сметала дека аргументите на Државниот секретар биле „доволно докажани“ затоа што жалителот бил сметан од многу терористи за духовен водач чии ставови давале легитимитет на акти на насилство. Сепак, САКИ не ги зела предвид ниту една од осудите на жалителот донесени во отсуство во Јордан, кои првично биле изнесени како дел од аргумеентите на Владата. Причината за тоа било тоа што Владата зазела она што беше опишано како „прагматична пристап“ на откажување од повикување на било какви докази за кои има наводи дека можеби биле добиени преку тортура од причина што тоа би наложило истрага во однос на тоа дали биле добиени преку тортура. Тоа било направено во согласност со одлуката на Домот на лордовите во A and others (бр. 2) (види парагарфи 136-37 подолу.
28. САКИ потоа ги разгледала сведочењата кои ги извела од различни извори, вклучително и од висок дипомат на Обединетото Кралство, г-н Mark Oakden, кој сведочел во однос на преговорите за МЗР, договорот за мониторирање со Центарот Адалех и за ризикот со кој жалителот се соочувал во Јордан. Во име на жалителот а во врска со режимот во Јордан сослушала тројца академици. Исто така зела изјава од адвокат кој зборува арапски, г-ѓа Rana Refahi, која отишла во Јордан за да направи истражување во врска со претходните две судења, вклучувајќи и интервјуа со обвинетите и нивните адвокати. Покрај тоа, комисијата разгледала докази в врска со интересот на САД за жалителот и наводите дека јордански државјанин бил предмет на вонредно предавање [extraordinary rendition] од Јордан na Соединетите Американски Држави.
(б) Наоди на САКИ во врска со МЗР
29. САКИ заклучила дека пресудите на овој Суд во Chahal v. the United Kingdom, 15 November 1996, Reports of Judgments and Decisions 1996‑V и Mamatkulov and Askarov v. Turkey [GC], nos. 46827/99 and 46951/99, ECHR 2005‑I, покажувале дека потпирањето на гаранции било законскo, но, дека тежината кој треба да им се придаде зависела од околностите на секој случај. Постоела разлика помеѓу потпирање на гаранција која наложувала една држава да постапи на начин кој не бил во согласност со нејзиното вообичано право и гаранција која наложувала државата да постапува согласно она што наложува нејзиното право но што, може да не се почитува во целост или редовно во пракса. Повикувајќи се на одлуката на Комитетот против тортура на Организацијата на Обединети нации, Agiza v. Sweden (види параграф 147 подолу), во којa шведските власти протерале египетски државјанин откако добиле гаранции од Егишет, САКИ во продолжение кажала:
„Случајот Агиза е јасно предупредување за опасностите од просто потпирање на фрази и дипломатско мониторирање. Веќе имало знаци на предупредување кои требало да ги алармираат шведските влати за ризиците, вклучувајќи ја и улогата која ѝ ја дозволиле на странска разузнaвачка агенција. Но, ги воочуваме, според нас. клучните разлики: силата, времетраењето и длабочината на билеатералниот однос помеѓу двете земји во споредба со тие кои беа посочени помеѓу Шведска и Египет; начинот на кој биле водени преговорите за МЗР и дипломатската проценка на нивната важност, конкретните околности на [жалителот во овој случај] и Јордан, степенот на ризик во различни фази, во отсуство на МЗР, особени во раните фази на лишување од слобода кои се време во кое ризикот од тортура од страна на СОР вообичеано би бил најголем и во кој момент се чини дека дошло до потврдената тортура на Agiza во Египет и брзината со која набљудувачите би барале и ние веруваме дека би добиле пристап дo жалителот во тие првични денови. Швеѓаните сметале дека да бараат да го видат Agiza би значело недостаток на доверба кон Египќаните, додека пак нема такво чувство ниту кај Обединетото Кралство, Центарот Адалех ниту кај јорданската Влада. Всушност во случајот е сосем спротивно од тоа. Еден аспект од тој случај кој исто така gо загрижувал [Комитетот против тортура] бил шtо Agiza бил депортиран без да има конечна одлука од суд за случајот. Тоа не е положбата на жалителот во овој случај.“
30. Во овој случај, политичката ситуација во Јордан и слободата, иако ограничена, на невладините организации (НВО), на печатот и Парламентот да изразат загриженост би ги намалиле ризиците со кои жалителот се соочувал. Понатаму, степенот на контрола кој Јордан го прифатил согласно МЗР можел само да покаже дека државата била согласна да ги почитува текстот и духот на меморандумот. Секоја од земјите имала вистински интерес да спречува повреди на МЗР: дипломатскиот однос помеѓу Обединетото Кралство и Јордан бил пријателски и долготтраен и од вистинска важност за Јордан и Јордан би имал вистинска мотивација да избегне ситуација од која може да се смета дека државата го прекршила својот збор. Двете држави имале интерес да ја одржуваат соработката во прашања поврзани со спротивставување на тероризам. Обединетото Кралство имало вистинска грижа дека треба да може да депортира странски државјани без да ги прекрши нивните права од член 3, така што пропуст во случај кој предизвикал огромно внимание кај медиумите би бил голема пречка за тој процес. Оваа грижа така би дејствувала како уште едно поттикнување да се истражуваат било какви повреди на МЗР. Иако во МЗР не биле прецизирани какви мерки би биле преземени во таква истрага, САКИ го прифатила сведочењето на г-н Oakden дека секое пропуштање од јорданската Влада да одговори на дипломатски прашања би довело до „брзо ескалирање на дипломатски и министерски контакти и реакции“.
31. САКИ прифатила дека имало некои слабости во МЗР и во одредбите за мониторирање. Исто така определени заштитни механизми не биле изречно предвидени, како што е брз пристап до адвокат, снимени испрашувања, независни лекарски прегледи и забрана за тајни места на лишување од слобода, но, во пракса, повеќето од овие аспекти биле покриени. Немало гаранција дека пристап до жалителот, како што било наложено во описот на должности на Центарот Адалех, ќе биде секогаш дозволен но, секое одбивање на пристап, би било многу брзо откриено; во првичниот период во притвор, Центарот требало да го посетува жалителот три пати неделно. САКИ исто така очекувала СОР и јорданската Влада брзо да реагираат на секоја реакција од Обединетото Кралство при одбивање на посета. Било „вознемирувачко“ тоа што не му била дозволена посета на Специјалниот известувач за тортура на Организацијата на Обединетите нации на установата на СОР во јуни 2006, и покрај претходна согласност дека ќе му биде дозволен слободен пристап. Сепак, според доказите кои ги извела, САКИ заклучила дека немало вистински ризик од злоупотреба на жалителот од страна на СОР. Имало слабост во „релативното неискуство и обем“ на Центарот Адалех: центарот би преземал задача која за него би била нова; и за која вработените не поседувале стручност, како што потврдил самиот центар. Се работело за релативно ново тело со ограничени средства и број на вработени, иако тоа можело да биде надминато а Владата на Обединетото Кралство би ги сносела трошоците за тоа. Важен бил самиот факт што имало посети за мониторирање, а недоволната стручност не била критична за вредноста на тие посети.
(в) Наоди на САКИ во врска со член 3 од Конвенцијата
32. Владата на Обединетото Кралство не ја оспорила главната идеја на достапниот материјал во врска со состојбата на човековите права во Јордан и, според САКИ; детали во врска со повреди на човековите права останувале релевантни за процената на ризикот со кој се соочувал жалителот. Владата исто така зазела став, дека не можела да го врати жалителот во Јордан, во согласност со своите меѓународни обврски, во отсуство на конкретните мерки содржани во МЗР. Сепак, САКИ заклучила дека е важно да се оценат ризиците со кои се соочувал жалителот во однос на веројатниот след на настани до кој би дошло ако тој биде вратен. Заклучила дека МЗР може да не е неопходен за секој ризик, туку повеќе дека ја зајаканува заштитата која веќе е достапна.
33. САКИ прифатила дека, при враќање, жалителот би бил ставен во притвор од страна на СОР и дека би му било повторно судено за двете обвиненија за кои бил осуден во отсуство. Тој би бил придружуван од претставник на Центарот Адалех до местото каде ќе биде притворен и ќе биде прегледан од лекар. САКИ исто така прифатила дека СОР би го испрашувала жалителот со цел да добие признание кое ќе се употреби при судење и за добивање погенерални разузнавачки информации, иако САКИ закклучила дека е шпекулирање дека СОР би го испрашувала жалителот за други кривични дела со цел да подигне нови обвиниенија против него; немало докази за преостанати обвиненија. САКИ исто така прифатила дека Соединетите Американски Држави би побарале да го испрашуваат жалителот и дека тоа би се случило што е можно побрзо после неговото пристигнување во Јордан. Сепак, немало вистински ризик дека член 3 ќе биде прекршен пред завршувањето на повторното судење.
34. Постоел вистински ризик од тортура или злоупотреба на „обичен исламски екстремист“ во притвор на СОР пред да се подигне обвиненије затоа што таква злоупотреба била широко распространета и со долга традиција и постоела атмосфера на неказнивост и избегнување на меѓународно мониторирање кај СОР. Сепак, жалителот би бил заштитен со оглед на неговата експонираност, со МЗР и договорот за мониторирање, особено затоа што Центарот Адалех би бил „нетрпелив да ја покаже својата способност и одлучност“ а и самиот би бил предмет на контрола на други НВО. Тоа исто така би спречило секаков вистински ризик од употреба од страна на СОР на тактики како што е одбивање на пристап во последен момент, тврдења дека жалителот не сакал да се сретне со набљудувачите или да го преместат на друго место без известување за тоа. Пристапот од страна на Центарот Адалех исто така би спречило изолација на жалителот во притвор [incommunicado detention].
35. Со МЗР исто така би се неутрализирала климата на неказнивост која преовладувала во СОР и толерирањето на тортура од страна на највисоките припадници на службата. МЗР и договорите на мониторирање биле поддржани од највисоките нивоа на Јордан – политичката сила и престижот на Кралот на Јордан стоеле позади МЗР – затоа би било оправдано да се смета дека биле дадени насоки на СОР како да се постапува со жалителот и државата би била свесна дека било какви прекршувања нема да останат неказнети. Покрај тоа, високи претставници на СОР учествувале во преговорите на МЗР и оттука би ги знаеле последиците од било каков пропуст да се почитува меморандумот. Иако злуопутребата вообичаено била дело на непослушни службеници, специфичната и невообичаената положба на жалителот и дејството на МЗР, би довеле до тоа да високите службеници спречат злоупотреба во неговиот случај, дури и ако тоа би го правеле само од личен интерес.
36. Испрашување од страна на Соединетите Американски Држави не било забранео со МЗР и, за САКИ; било веројатно дека на Централната разузнавачка агенција на САД [US Central Intelligence Agency] ќе ѝ биде дозволено директно да го испрашува жалителот во присуство на СОР. Сепак, Обединетото Кралство јасно би ги кажало своите интереси на Соединетите Американски Држави да се осигура дека МЗР нема да биде прекршен. Јорданските власти и Соединетите Американски Држави би внимавале да осигураат дека Соединетите Американски Држави не ги „преминуваат границите на дозволеното“. Претпоставувајќи дека жалителот би останал во притвор на СОР и дека не би бил предаден на Соединетите Американски Држави, не би имало вистински ризик од злоупотреба во периодот пред судење. Исто било малку веројатно дека жалителот би бил ставен во тајна установа за притвор на СОР или ЦИА во Јордан.
37. Истите фактори важеле за секое испрашување до кое би дошло брзо после осуда или ослободување на жалителот. МЗР и понатаму би важел и би било во интерес и на Јорданците и на Американците да спроведат било какво испрашување во првата прилика, а не да чекаат до после судењето. Исто така било заклучено дека е малку веројатно дека важноста на жалителот „би се намалила во наредните неколку години“.
38. Мала била веројатноста јорданските власти да подигнат било какви други обвиненија за дела за кои може да се изрече смртна казна или да бараат смртна казна во однос на обвиненијата за кои на жалителот требало повторно да му се суди. Наместо тоа, ако би бил осуден, жалителот би се соочил со долга затворска казна. Имало вистински ризик за доживотна казна во однос на заговорот реформа и предизвик, иако имало поголеми изгледи дека казната ќе биде значително помала со оглед на начинот на кој казните на другите обвинети се чини дека биле намалени, по жалба, на четири или пет години. Немало правило кое би спречило да му биде изречена повисока казна од казната затвор од петнаесет години која му била изречена во отсуство. Сепак, јасната пракса била против изрекување повисоки казни во повторни судења после осуда донесена во отсуство и немало причина дека кога жалителот ќе биде присутен ќе биде заземен понеповолен став отколку кога бил отсутен. Жалителот би служел казна во обичен затвор, а не во установа за лишување од слобода на СОР; казната тешка физичка работа не подразбирала било каква друга дополнителна казна. Општите услови не би го прекршиле член 3 и, иако понекогаш имало тепање, немало докази дека жалителот ќе биде предмет на такви постапки како затвореник политички исламист. Тој повторно би бил заштитен поради неговиот статус.
39. Во однос на предавањето, имало „силен поттик“ владите на Јордан и на САД да не дозволат да дојде до тоа, не само поради домашните политички проблеми кои би настанале за јорданската влада и поради тоа што Соединетите Американски Држави не сакале да го дестабилизираат јорданскиот режим. Сите случаи на наводно предавање од Јордан се однесувале на лица со друго државјанство или, во еден случај, двоен државјанин на САД и Јордан. Исто така било малку веројатно дека жалителот би бил пренесен во тајна установа на ЦИА во Јордан затоа што тоа би налагало учество на јорданските власти спротивно на МЗР. Исто така не било веројатно дека Владата на САД би побарала екстрадиција на жалителот од Јордан со оглед на тоа дека не побарала екстрадиција од Обединетото Кралство и прифаќањето на такво барање би довело до политички проблеми во Јордан.
(г) Наоди на САКИ во однос на член 5 од Конвенцијата
40. Во врска со притворот на жалителот после негова депортација во Јордан, САКИ заклучила дека временските рокови за известување на правните органи за апсење (четириесет и осум часа) и за подигнување формално обвинение (петнаесет дена) биле редовно и законски продолжувани од судовите по барање на обвинителот, за периоди од петнаесет дена до најмногу педесет дена. Затоа би било во согласност со јорданското право жалителот да биде држен во притвор педесет дена без да биде физички изведен пред судски орган пред да биде обвинет. Таквите продолжувања биле одобрувани од судски орган, иако не нужно во физичко присуство на осомничениот.
41. САКИ воочила дека МЗР не наложувал изречно да нема продолжувања после првичниот притвор од петнаесет дена но, наложувал лицето кое е вратено брзо да биде изведено пред судија или друго лице овластено со закон да одлучи за законитоста на неговиот притвор. Иако зборот „брзо“ не бил дефиниран во МЗР, САКИ заклучила дека овој дел од МЗР би бил спроведен, особено затоа што тоа бил еден од првите моменти во кои МЗР би се применувал, и дека првото појавување на жалителот пред судски орган би било во рок од четиресет и осум часа. Не било прекршување на МЗР ако жалителот би бил притворен за максимален период од педесет дена, преку судски одобрени продолжувања од петнаесет дена, или ако тој би бил отсутен при донесувањето на тие одлуки. Сепак, во пракса не било веројатно дека ќе биде побаран вкупен период од педесет дена, дури и без МЗР, затоа што жалителот го чекало повторно судење и затоа што списите од предметот веќе поминале низ процесот на судење и жалба повеќе пати.
(д) Наоди на САКИ во однос на член 6 од Конвенцијата
42. Имало општа согласност пред САКИ дека претходните осуди на жалителот би биле укинати и дека нему ќе му биде повторно судено пред Државниот суд за безбедност за истите обвиненија.
43. Покрај овие два приговори за процесот на повторно судење (непристрасноста на Државниот суд за безбедност и употребата на докази добиени со тортура), жалителот исто така тврдел дека тој ќе биде испрашуван во притвор од СОР, службени лица на САД или Јавниот обвинител без присуство на адвокат. Јавниот обвинител имал овластување согласно член 64 став 3 од јорданскиот Закон за кривична постапка да врши истрага во отсуство на адвокат „секогаш кога ќе оценел дека е потребно за да се открие вистината“. Оваа одлука не била предмет на преоценување, иако САКИ воочила дека признание дадено на Јавниот обвинител не било дозволено пред судот освен ако лицето не било предупредено дека не мора да одговара на прашања без присуство на неговиот адвокат. САКИ сметала дека не било веројатно дека при испрашувањето од страна на СОР или службени лица на САД ќе биде присутен адвокат на жалителот, но, дека било многу веројатно дека тој ќе има пристап до адвокат за секое појавување пред суд или пред Јавниот обвинител. Во смисла на подготовка на одбраната пред судење, времето и средствата кои се на располагање би биле пооскудни отколку во Обединетото Кралство но, сепак би биле подобри отколку што е тоа вообичаено во Јордан.
44. Во однос на недостатокот на независност и непристрасност на Државниот суд за безбедност, САКИ заклучила дека судот би бил составен од тројца судии, од кои најмалку двајца би биле воени службеници со правна наобразба чиј мандат не е постојан. Јавниот обвинител исто така ќе бил воено лице. По жалба би одлучувал Касациониот суд, цивилен суд, иако тој суд не можел да одлучува по било какви аргументи за неправичност на судењето која произлегува од воениот состав на Државниот суд за безбедност.
45. Што се однесува на потенцијалната употреба на докази добиени со тортура при повторното судење на жалителот, САКИ заклучила:
“418. Јорданскиот правен систем, согласно неговите одредби, затоа не дозволува употреба на недоброволно признание или обвинувачки изјави. Постои судска оцена на наводи од таков карактер пред да бидат дозволени доказите. И самите тие наводи можат да бидат проверени со докази. Колку тие наводи ќе бидат конкретно проверени зависи од определени карактеристики на системот. Товарот на докажување за да се исклучат признанија дадени пред Јавниот обвинител е на обвинетиот. Има очигледна потешкотија при докажувањето на претходни дејствија или закани од СОР во отсуство на систем на снимање на испрашувањата, за гарантирање на присуство на адвокати во текот на испрашување, и независни и навремени лекарски прегледи. Веројатно е дека ќе има значителна неволност кај судот да прифати дека признанија дадени на Јавниот обвинител, што е вообичаен извор на докази, дека нивната законитост е доведена во прашање поради злоупотреба. Не се чини дека судот или обвинителот се подготвени да наложат службени лица на СОР да се јават како сведоци за овие наводи. Може да постои чувство дека тие наводи се даваат рутински како прашање на стратегија на одбраната.
419. Може да има поголема подготвеност да се провери природата на признанијата кои се дадени само во текот на испрашување од страна на СОР. Има некои докази дека барем на ниво на Касациониот суд, биле исклучени од постапката признанија за кои имало наводи дека се изнудени со тортура (иако не е јасно дали тие признанија биле дадени на СОР или на обвинителот).
420. Сепак, општите докази и доказите кои се конкретно поврзани со двата процеса за кои станува збор покажуваат дека во најмала рака има вистински ризик дека инкриминирачките изјави против жалителот биле изнудени како последица на постапување од страна на СОР кое го прекршило член 3; и кое можеби претставувало или не претставувало тортура. Малку е веројатно дека тие изјави би биле издвоени од списте при повторно судење, затоа што не е веројатно дека ДСБ [Државниот суд за безбедност] ќе биде убеден дека тие биле добиени на таков начин, особено со оглед на тоа дека веќе го има отфрлено тој навод во првите судења, иако извршителите можеле да сведочат дека биле добиени на таков начин и дека всушнпост биле невистинити.“
Затоа постоела голема веројатност дека претходните изјави дадени на Јавниот обвинител со кои бил обвинет жалителот ќе бидат дозволени. САКИ исто така закучила дека тие изјави би биле од значителна, можеби и од одлучувачка, важност против него. Во однос на овој аспект на повторното судење, САКИ заклучила:
„439. За нас, прашањето се сведува на тоа дали е правично товарот на докажување да биде таму таде што е во однос на ова прашање, ние не мислиме дека тоа е неправично само по себе. Сепак, овој товар на докажување се чини дека не е придружуван од некои од основните заштитни механизми против злоупотреба пред судење или со средства кои би помогнале при докажување, на пр. видео или друг начин на снмимање на испрашувањето од страна на СОР, ограничени временски периоди на лишување од слобода заради испрашување, повремено присуство на адвокати, рутински лекарски прегледи, асистенција од судот при повикување на релевантни службени лица или лекари. Исто така одлуките ги носи суд кој нема независност и кој се чини дека не ги анализира внимателно и силно наводите од ваков тип. Овие поенти земени заедно нѐ наведуваат да заклучиме дека судењето е веројатно дека ќе биде неправично во смисла на член 6 заради начинот на кој наводите за недоброволно дадени изјави ќе бидат разгледани. “
46. САКИ заклучила дека, и покрај наодите во однос на независноста и непристрасноста на Државниот суд за безбедност и вистинскиот ризик дека ќе бидат дозволени докази кои се добиени во спротивност на член 3, нема да имало флагрантно негирање на правдата согласно член 6 од Конвенцијата ако на жалителот му се суди повторно во Јордан. САКИ кажала дека судењето би се одржало во „законски регулирана рамка која го покрива судскиот систем, процедуралните правила и кривичните дела“; жалителот би присуствувал и судењето би било јавно. Документите од првото судење би биле пред судот при повторно судење но, жалителот би можел ефикасно да ја оспорува нивната содржина. Егзекуцијата на г-н Al-Jeramaine и проблемите со кои се соочувале другите сведоци, посебно Abu Hawsher, не би го направиле повторното судење неправично. САКИ заклучила:
„446. Го потврдуваме недостатокот на независност на ДСБ. Недостатокот на независност на судиите од ДСБ е во неговите структура и систем. Нема докази во однос на тоа зошто конкретни судии може да бидат избрани за даден случај, или дека ним „им се верува“. Но, ДСБ не е прост алат на извршната власт, има силни докази дека тој суд ги цени доказите и дека ги оценува во однос на законот, дека има ослободено повеќе обвинети. Со тек на време тој суд исто така намалува казни.
447. Неговите судии имаат правно образование и се воедно и правници од кариера. Постои многу ограничен простор надвор од тоа за да се каже дека тие ќе бидат пристрасни а тоа не било основа на жалбата. Нивната поврзаност со војската може да влијае тие да бидат скептични за наводи на злоупотреба од страна на СОР која влијае врз изјавите дадени на обвинител. Тие може инстинктивно да го делат мислењето дека наводите за лоупотреба се рутински дел од аргументите на одбраната за да го оправдаат обвинувањето од други лица. Правната рамка има слаби средства за откривање и преземање мерки во однос на наводи за злоупотреба. Врз основа на материјалите [со кои располагаме], начинот на кој пристапува кон оценување на дозволеноста на доказите, не покажува внимателна оцена на докази кои се потенцијално незаконски добиени. Ќе се даде значителен публицитет на повторното судење и јавните судења може да поттикнат поголема грижа и непристрасност во испитувањето на доказите. Ова нема да биде само монтиран процес, ниту пак биле такви првите процеси, ниту пак резултатот ќе биде однапред познат, без оглед на доказите.
448. Се даваат причини за одлуките, а достапна е жалба до Касациониот суд. Фактот што таквата жалба не може да го поправи недостатокот на структурална независност на ДСБ не е причина за да не се земе предвид неговото постоење при целосната проценка дали ќе има целосно негирање на правата од член 6. Тој суд е цивилен суд и има прилично малку докази за несоодветно влијание од страна на извршната власт преку именување или разрешување. Нема докази во однос на тоа како се избираат членовите на советот на судии [кој одлучува во даден случај] ниту пак дека извршната власт „се потпира на нив“. Тој само функциноира како коректив на одлуките на ДСБ во однос на законот и процедурата, и има определена надлежност за фактички прашања, иако не ги изведува доказите од почеток ниту пак има целосна надлежност во однос на фактичката состојба освен по жалби изјавени од овинителството. Казните кои е веројатно да бидат изречени не се целосно несразмерни на кривичните дела.
449. Детално го дискутиравме пристапот на ДСБ во однос на дозволувањето на изјави дадени на обвинител наводно добиени како резултат на претходна злоупотреба. Иако сме на став дека комбинацијата на фактори би го направила повторното судење неправично во тој поглед, тие не претставуваат целосно негирање на правично судење. Постоењето на правна забрана за дозволување на такви докази не може да се игнорира, ниту пак фактот што ДСБ ќе разгледа докази кои се однесуваат на наводите. Улогата на Касациониот суд во преоценување, а понекогаш, преиначување на заклучоците на ДСБ по однос на ова прашање е суштинска. Недостатокот на доказни или процедурални заштитни мерки за да се урамнотежи товарот на докажување, и веројатниот пристап кон изјави дадени на обвинител/судија во континентален правен систем, и тоа во безбедносен суд доминиран од правници кои се воени лица, не се доволни за целосно негирање на правдата.
450. Постои опасност со оглед на незибежното фокусирање на она за што се тврди дека е потенцијално неправично за повторното судење, од концентрирање исклучиво на недостатоци при одлучувањето дали ќе има целосно негирање на правото на правично судење, наместо да се гледа сликата на судењето како целина. Сепак, тоа е тоа што треба да се стори и токму таа слика на судењето како целина е она што нѐ доведе до нашите заклучоци по ова прашање.
451. Различните фактори кои е веројатно дека ќе доведат до тоа да повторното судење го прекрши член 6 се во значителен степен меѓусебно поврзани. Нивното земање како целина сите заедно не нѐ убедува дека постои вистински ризик од целосно негирање на правото на правично судење.“
47. Конечно, иако има вистински изгледи за долга затворска казна, тоа не го променува заклучокот на САКИ дека целокупиот карактер на повторното судење нема да биде целосно негирање на правата на жалителот.
2. Постапка пред Апелациониот суд
48. Жалителот изјавил жалба до Апелациониот суд, кој донесол пресуда на 9 април 2008, едногласно прифаќајќи ја жалбата во однос на член 6 и ризикот за употреба на докази добиени спротивно на член 3 и одбивајќи ја по сите други основи ([2008] EWCA Civ 290).
49. Во однос на наводите по член 3 во врска со употребата на тајни докази од страна на САКИ и потпирањето на гаранциите во МЗР, Апелациониот суд сметал дека е должен да ја следи својата претходна одлука по овие прашања во MT (Algeria), RB (Algeria), U (Algeria) v. the Secretary of State for the Home Department [2007] EWCA Civ 808, во која нашол дека: (i) САКИ можела да разгледува тајни докази во однос на безбедноста после враќање; и (ii) релевантноста на гаранциите за безбедност после враќање била фактичко прашање, а не правно и затоа немала надлежност да ја разгледува жалбата по тој основ. Апелациониот суд исто така ги отфрлил наводите на жалителот засновани на член 5, наоѓајќи дека САКИ одлучила правилно во тој поглед.
50. Во однос на член 6, Апелациониот суд го отфрлил аргументот на жалителот дека имало вистински ризик од „флагрантно негирање на правдата“ при неговото повторно судење во Јордан поради недостаток на независност и/или непристрасност на Државниот суд за безбедност: САКИ донесла правилен заклучок по ова прашање и овој заклучок не бил променет со поновата одлука на овој Суд во Al‑Moayad v. Germany (dec.), no. 35865/03, 20 February 2007.
51. Сепак, Апелациониот суд го прифатил аргументот на жалителот дека постоел вистински ризик дека тој ќе претрпи флагрантно негирање на правдата“ поради ризикот дека изјави добиени со постапување кое е спротивно на член 3 ќе бидат дозволени како докази против него при повторното судење. Апелациониот суд забележал:
„45. САКИ ја потценила или погрешно ја разбрала природата на правото на Конвенцијата на забраната за употреба на докази добиени со тортура. Застапникот на Државниот секретар тврди дека не било дел од неговите аргументи дека е јасно дека судењето ќе се одржи врз основа на докази со тортура, без разлика дали врз самиот жалител, или врз трети страни, дека тоа не би вклучувало флагрантно негирање на правдата. Затоа, штом САКИ заклучила дека е факт дека има голема веројатност дека докази кои можеби биле добиени со тортура (САКИ, параграф 436) или во однос на кои имало вистински ризик дека биле добиени со тортура или преку друго постапување со кое се крши член (САКИ, параграф 437); ќе бидат дозволени во постапката против г-н Othman; тогаш САКИ мора да биде убедена дека таквите докази нема да бидат дозволени или дека по нив нема да се постапува. Причините на кои САКИ се повикува при утврдувањето дека нема повреда на член 6 во тој поглед се недоволни.
46. Ние нагласуваме дека тоа не е или дека воглавно не е критика на образложението на САКИ во однос на државјанство, иако ние понатаму сметаме дека заклучцоите на САКИ не произлегуваат рационално од нејзините заклучоци во однос на фактичката состојба. Всушност, нашиот главен заклучок е дека САКИ погрешила во примената на недоволно строг тест за да го утврди прашањето дали би бил повреден член 6.
...
48. Употребата на докази добиени со тортура е забранета со Конвенцијата не само затоа што поради тоа судењето ќе биде неправично, но исто така и посебно заради врската на прашањето со член 3, основна, безусловна и одредба од која не е дозволена дерогација којашто е во центарот на заштитата обезбедена со Конвенцијата. Како што ЕСЧП кажал во параграф 10 од неговата пресуда во Jalloh v. Germany 44 EHRR 32:
‘инкриминирачки докази – без разлика дали во форма на признание или материјални докази – добиени како последица на акти на насилство или бруталност или други видови на постапување кои можат да се опишат како тортура – никогаш не треба да се користат како доказ за вина на жртвата без оглед на нивната доказна вредност. Секој поинаков заклучок би служел за да се легитимизира индиректно видот на морално погрешно постапување кое авторите на член 3 од Конвенцијата сакале да го забранат или, како што беше добро кажано во пресудата на Врховниот суд на САД во случајот Rochin [342 US 165], „да ѝ обезбеди на бруталност наметка од право“.’
Тој став, дека употребата на докази добиени со тортура или залоупотреба е аабранета, не само, или воглавно само заради тоа што е веројатно дека на нив не може да се потпре, туку затоа што државата мора цврсто да стои против постапувањето како резултат на кои се добиени доказите, е универзално признат и во рамките и надвор од системот на Конвенцијата.
Особено силна изјава во тој поглед, во која се цитираат многу исто толку силно формулирани пресуди се наоѓа во параграф 17 од говорот на Лорд Bingham во A. v. Home Secretary (no. 2) [2006] 2 AC 221.
49. САКИ згрешила што не ја утврдила клучната разлика помеѓу повреди на член 6 засновани на оваа причина и повреди на член 6 засновани само на пропусти во процесот на судење или во составот на судот. Во своите заклучоци во параграфите 442-52 од својата одлука – ја разгледувала можната употреба на докази добиени со тортура подеднакво со наводите за независноста на судот: види особено одлуката на САКИ параграфи 449-50. Од тие причини комисијата не го утврдила високиот степен на гаранции кој е потребен во однос на постапка во странска држава пред едно лице да може законито да биде депортирано за да се соочи со судење во кое може да има примена на докази добиени со тортура.“
52. Апелациониот суд воочил дека САКИ го донесла својот заклучок дека не би дошло до целосно негирање на правдата во однос на употребата на докази добиени со тортура преку повикување на постапката, иако не целосно задоволително, пред Државниот суд за безбедност и Касациониот суд. За Апелациониот суд тој заклучок бил во голема мера неконзистентен со заклучоците на самата САКИ за постапката пред Државниот суд за безбедност, особено загриженоста на самата САКИ во однос на потешкотиите во докажувањето дека доказите биле добиени со тортура. Според мислењето на Апелациониот суд, загриженоста на САКИ „била добро оправдана со долгата листа на отсуство на основни заштитни механизми против злоупотреба пред судење“ во Јордан. Исто така судот го критикувал „вознемирувачкиот пропуст“ на САКИ да им даде соодветна тежина на заклучоците во врска со пропустите во Државниот суд за безбедност. Апелациониот суд заклучил:
„САКИ не можела да заклучи врз основа на тие докази дека ризикот од целосно негирање на правдата,, кој се гледа во употребата на докази добиени со тортура, бил соодветно исклучен. САКИ не можела тоа да го заклучи ако правилно го разбрала статусот на правниот систем на Конвенцијата на овој аспект на член 6.“
3. Постапка пред Домот на лордови
53. Државниот секретар се жалел до Домот на лордови во врска со заклучокот на Апелациониот суд за член 6. Жалителот исто така изјавил жалба во врска со неговите наводи по други членови од Конвенцијата. Жалбата била разгледана заедно со жалбите на двајца од жалителите во MT (Algeria), и тоа РБ и У (види параграф 48 погоре). Во однос на споените жалби Домот на лордови затоа можел да ја разгледа употребата на тајни документи пред САКИ, потпирањето на гаранции содржани во МЗР и наводите на жалителот по член 5 и член 6. Домот на лордови донесол пресуда на 18 февруари 2009 едногласно усвојувајќи ја жалбата на Државниот секретар и одбивајќи ја жалбата на жалителот ([2009] UKHL 10).
(a) Член 3 од Конвенцијата: „затворената“ постапка пред САКИ
54. Лордот Phillips заклучил дека САКИ била законски овластена да разгледува тајни документи при оценувањето на безбедноста при враќање и имало силни политички согледувања за тоа. Морало да се прави разлика помеѓу тајни документи во однос на безбедност после враќање и употребата на тајни документи во друга постапка, на пример да се утврди заканата за националната безбедност која ја претставува некој поединец. За првата, поединецот вообичаено би бил свесен за природата на секаков ризик при враќање и, во секој случај, било на самиот поединец, а не на државата, да ги докаже своите тврдења дека ќе биде изложен на ризик после враќање. Не било веројатно дека е суштински важно специјален адвокат да може да добие коментари од лицето кое ќе биде депортирано во врска со тајните докази. Што се однесува на неизводливоста да се најде соодветен вештак кој поминал сигурносна проверка да ги види тие документи, Лордот Phillips не го сметал проблемот како неправичен. Деловникот на САКИ му овозможувал на специјалниот адвокат да побара од САКИ да изведе повеќе докази, а на САКИ можело да се потпре како специјализиран трибунал, дека „ќе направи реалистична оцена на тајните документи со оглед на аргументите на специјалниот адвокат“. Во однос на гаранциите, Лордот Phillips го поддржал ставот дека гаранциите содржани во МЗР морале да бидат откриени но, дека детали од преговорите кои довеле до МЗР можеле да бидат тајни.
55. Лордот Hoffmann го отфрлил аргументот на жалителот на пофундаментална основа дека на судската пракса на овој Суд гледал како на пракса со која јасно се покажува дека утврдувањето дали одлука за депортација може да го прекрши член 3 не наложувала „целосна низа на заштитни судски механизми на член 6 или дури член 5, став 4“. Повикувајќи се на Chahal, цитиран погоре, тој нагласил дека била потребна само „независна оцена на барањето“, до која дошло во случајот на жалителот.
56. Лордот Hope се согласил, иако прифаќајќи дека овој Суд сѐ уште немал прилика да анализира дали системот на САКИ ги исполнувал условите од Конвенцијата. Според него, тоа било случај. Лордот Brown исто така се согласил, нагласувајќи дека во однос на безбедност после враќање, немало аргументи против жалителот, туку тој бил тој кој давал аргументи против државата која го враќа.
(б) Член 3: гаранциите и МЗР
57. Лордот Phillips (со кого останатите Лордови судии се согласиле), ја толкувал судската пракса на Судот почнувајќи од Mamatkulov и Askarov, цитиран погоре, па натаму дека ги третира гаранциите „како дел од матрицата која морала да биде разгледана“ при одлучување дали имало доволно причини за да се верува дека жалителот би се соочил со постапување спротивно на член 3. Тој упатил на „богатството“ на материјали од меѓународно право, кои го поткрепувале мислењето дека гаранциите треба да се земат со скептицизам ако се дадени од земја во која нечовечкото постапување од страна на службени лица е ендемично. Сепак, за Лордот Phillips ова било блиску до ‘парадоксален’[catch-22]’ став дека ако треба да се побараат гаранции, не е можно на нив да се потпреш. Отфрлајќи то тоа согледување, тој заклучил дека единствената основа за мешање во ставот на САКИ била ако нејзините заклучоци дека е можно потпирање на гаранциите биле иразционални, а заклучоците на САКИ во овој случај не биле такви.
(в) Член 5 од Конвенцијата
58. Домот на лордови едногласно одбил да се меша во заклучоците во однос на фактичката состојба донесени од САКИ дека нема да дојде до изложување на жалителот согласно јоданското право на притвор од педесет дена без пристап до суд или адвокат. Лордот Phillips заклучил дека, дури и ако дојдело до тоа, притвор од педесет дена не би претставувал флагрантно кршење на член 5. Флагрантна повреда била повреда чии последици били толку сериозни што биле поважни од правото на една држава да протера странец од нејзината територија. Тоа можело да биде исполнето при арбитререн притвор кој траел многу години, но не при притвор од педесет дена.
(г) Член 6 од Конвенцијата
59. Во однос на член 6, земајќи дека релевантен тест е дали би имало „целосно негирање или поништување“ на правото на правично судење, Лордот Phillips забележал:
„136. Ова не е ниту лесен ноту соодветен тест за тоа дали член 6 треба да забрани депортација на странце. Најпрво не е едноставно да се утврди што претставува “целосно негирање или поништување на правото на правично судење “ . Таа фраза не може да наложи дека секој аспект од процесот на судење треба да биде неправичен. ... Потребно е пропустот или пропустите во судскиот процес да бидат такви да во основа ја уништат правичноста на идното судење.
137. Второ, фактот што лицето кое е депортирано во земјата која го прима е предмет на судски процес кој е очигледно неправичен, не може сам по себе, да оправда ставање забрана на депортацијата. Фокусот не смее да биде само на неправичноста на процесот на судење туку на потенцијалните последици од тој процес. Веројатно е дека неправично судење ќе доведе до паврдеа на материјални човекови прааа и степенот на таа идан повреда мора да биде важен фактор при одлучувањето дали депортација е забранета.“
60. Откако ја аналзирал судската пракса на овој Суд, вклучувајќи ја и пресудата Bader and Kanbor v. Sweden, no. 13284/04, § 42, ECHR 2005‑XI, за која тој сметал деа е пример за потребата да се разгледа ризикот од повреда на член 6 заедно со други членови како што се член 2 и 3, Лордот Phillips заклучил:
„Јуриспруденцијата на Судот во Стразбур, иако е несигурна, ме наведе на овие заклучоци. За да едно депортирање на странец може да доведе до повреда на член 6 мора да има значајни основи за да се верува дека има вистински ризик (i) дека ќе има фундаментална повреда на принципот на правично судење гарантиран во член 6 и (ii) дека тој пропуст ќе доведе до повреда на правдата која сама по себе претставува флагрантна повреда на основните права на жртвата.“
61. Во овој случај, вториот дел од тој тест не е исполнет со казните затвор кои е можно да му бидат изречени на жалителот, за првиот дел, Лордот Phillips сметал дека иако воениот состав на јорданскиот Државен суд за безбедност би го направил судењето спротивно на член 6 ако тоа се водело во држава потписничка на Конвенцијата, тој се согласил со САКИ и Апелациониот суд дека тоа не можело да претставува „флагрантно негирање на правдата“ кое е доволно за да спречи депортација во таков случај.
62. Во однос на наводот на жалителот дека имало вистински ризик дека доказите против него биле добиени со тортура, Лордот Phillips заклучил дека Апелациониот суд погрешил. Тој суд наложил премногу висок степен на гаранции дека докази кои можеби биле добиени со тортура нема да се употребат во процесот во странство. Тој кажал:
„Забраната да се дозволат докази добиени со тортура не е резултат на тоа што таквите докази се неверодостојни или затоа што дозволувањето на такви докази ќе го направи судењето неправично.Таа забрана постои затоа што државата мора цврсто да стои против постапувањето кое довело до тие докази. Овој принцип важи за државата во која има обид да се изведат такви докази. Таа не наложува државата, Обединетото Кралство, да задржи во земјата на штета на националната безбедност лице осомничено дека е терорист освен ако има висок степен на гаранции дека докази добиени со тортура нема да бидат изведени против него во Јордан ... Прашањето пред САКИ било дали има основани причини да се верува дека ако г-н Othman биде депортиран во Јордан кривичниот процес кој него го очекува ќе имат недостатоци од таква важност да фундаметално ја уништат правичноста ма неговото судење или, како што САКИ тоа го формулира, да претставуваат целосно негирање на правото на правично судење. САКИ заклучила дека недостатоците кои таа комисија ги утврдила не го исполнувале тој тест. Јас не сметал дека со донесувањето на овој заклучок САКИ погрешно го применила правото.“
63. Лордот Hoffmann заклучил дека немало пресуда согласно [Европската] ковенција за правилото дека во контекст на примена на член 6 во случај на депортација, ризикот од употреба на докази добиени со тортура нужно доведувал до флагрантно негирање на правдата.
64. Лордот Hope се согласил. Тој прифатил дека овој Суд усвоил „категоричен пристап“ во однос на употребата на докази добиени со тортура во судска постапка но, доказите изведени пред САКИ не го достигнувале тој стандард. Имало наводи, но не и докази. Тврдењето дека имало вистински ризик дека доказите биле добиени со тортура не било доволно за да се забрани депортација. Тој потсетил на наодите на САКИ дека повторното судење веројатно нема да биде во согласност со член 6 ако Јордан бил договорна страна на Конвенцијата но, дека ќе се одржи во правна изградена рамка. Имало доволно докази дека Државниот суд за безбедност, кој не бил само алат на извршната власт, ги ценел доказите и ги проверувал во однос на законот. САКИ затоа правилно одлучила за доказите.
65. Лордот Brown се согласил со Лордот Phillips и, повикувајќи се на мислењето на мнозинството судии на Големиот судски совет во Mamatkulov и Askarov, цитиран погоре, кажал: „ако екстрадицијата не била незаконска во околностите таму [во случајот Mamatkulov и Askarov], според мене протерувањето сосем сигурно не е незаконито во овој случај.“
66. Лордот Mance, кој се согласил со другите лордови судии за член 6 и сите други основи за жалба, воочил значителна сличност помеѓу концептот „флагрантна неправичност“ во судската пракса на овој Суд и концептот негирање на правдата во меѓународното јавно право генерално. За меѓународното јавно право, современиот консензус бил дека фактичката состојба мора да биде екстремно лоша за да дојде до одговорност на државата согласно меѓународното право.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
...
Б. Судска пракса на САКИ во однос на гаранции
73. Покрај со Јордан, Владата на Обединетото Кралство има договорено МЗР за дипломатски гаранции со Етиопија, Либан и Либија. Има договорено рамковен договор за добивање гаранции од Алжир. САКИ има разгледано жалби од седумнаесет лица кои Владата побарала да ги депортира врз основа на тие гаранции. САКИ ги разгледала овие жалби од случај до случај но, општиот пристап кој го има заземено во однос на гаранции е наведен во BB. v. the Secretary of State for the Home Department, одлука на САКИ од 5 декември 2006, параграф 5, каде одлучила дека, пред гаранциите да отстранат ризик од злоупотреба, четири услови морало да бидат исполнети:
(i) условите на гаранциите морало да бидат такви да, ако се исполнети, лицето кое се враќа нема да биде подложено на постапување спротивно на член 3;
(ii) гаранциите морало да биде дадени во добра вера;
(iii) морало да има сигурна, објективна основа за да се верува дека гаранциите ќе бидат исполнети; и
(iv) исполнувањето на гаранциите морало да може да биде проверено.
74. Применувајќи го тој тест, САКИ одлучила дека гаранциите се доволни за Алжир (види ги одлуките на САКИ во G (8 февруари 2007); Z and W (14 мај 2007); Y, BB and U (2 ноември 2007); PP (23 ноември 2007); B (30 јули 2008); T (22 март 2010); и Sihali (no. 2) (26 март 2010)). Исто така има одлучено дека тие се доволни во однос на Етиопија во случајот XX (10 септември 2010). САКИ одлучила дека гаранциите не се доволни во однос на Либија, со оглед на променливиот карактер на режимот на Гадафи (DD and AS (27 април 2007)).
75. Било исто така одлучено дека гаранциите на Јордан се во согласност со член 3 во VV (2 ноември 2007). САКИ зела предвид дополнителни извештаи за тортура во јорданските затвори и сметала дека тие извештаи го потврдувале гледиштето дека без МЗР имало вистински ризик од злоупотреба. Сепак, тие извештаи не ги променувале нејзините заклучоци во овој случај дека МЗР и улогата на Адалех Центарот како набљудувач обезбедувале доволна заштита.
III. МЕРКИ ДОГОВОРЕНИ ПОМЕЃУ ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО И ЈОРДАН
A. МЗР
76. Насловот на МЗР склучен помеѓу владите на Обединетото Кралство и Јордан упатува на регулирање на „преземање на обврски во однос на конкретни лица пред депортација“.
77. Во МЗР стои дека се подразбира дека властите на секоја држава ќе ги почитуваат нивните обврски во однос на човековите права согласно меѓународното право во однос на лице кое се враќа врз основа на МЗР. Кога некој е прифатен согласно текстот на МЗР, условите наведени во ставовите 1 и 8 од МЗР ќе се применуваат заедно со сите дополнителни гаранции дадени од страна на државата во која лицето се враќа. Ставовите од 1 до 5 го предвидуваат следното:
„1. Ако е уапсено, притворено или затворено после негово враќање, на вратеното лице ќе му биде обезбедено соодветно сместување, храна, и лекарски нега и со него ќе се постапува хумано и правилно, во согласност со меѓународно прифатени стандарди.
2. Вратено лице кое е уапсено или притворено ќе биде без одложување изведено пред судија или друго службено лице кое е со закон овластено да врши судска власт за да може да биде одлучено за законитоста на неговото лишување од слобода.
3. Вратено лице кое е уапсено или притворено ќе биде без одложување информирано од органите на државата во која е вратено за причините за неговото апсење или притвор, и за секое обвинение против него.
4. Ако вратеното лице е упасено, притворено или затворено во рок од три години од денот на неговото враќање, тој ќе има право да контактира со, и потоа да има навремени и редовни посети од претставник на независно тело номинирано заеднички од страна на властите на Обединетото Кралство и Јордан. Таквите посети ќе бидат дозволени најмалку еднаш во две недели, и без разлика на тоа дали вратеното лице било осудено или не и ќе подразбира и прилика за разговори без надзор со вратеното лице. Номинираното тело ќе даде извештај за своите посети на властите на државата која го вратила лицето.
5. Освен кога вратеното лице е упасено, притворено или затворено, државата во која тоа лице се враќа нема да спречи, ограничи или на друг начин оневозможи шристап на вратеното лице до конзуларните канцеларии на државата која го вратила, во текот на вообичаеното работно време. Сепак, државата во која лицето е вратено не е обврзана да олеснува таков пристап преку обезбедување бесплатен превоз или по намалени цени.“
78. Ставот 6 го гарантира правото на практикување религија во притвор а став 7 го предвидува правото на правично судење на вратеното лице слично на член 6 став 1 од Конвенцијата. Ставот 8 е реплика на член 6 став 3 изоставувајќи ги ставовите (а) и (д) на тој член.
79. МЗР наведува дека секоја од владите може да се повлече од МЗР со давање на известување шест месеци однапред но, дека тој ќе продолжи да се применува на секој кој веќе бил вратен.
Б. Описот на должности на Центарот Адалех
80. Описот на должности за Центарот Адалех (тело за мониторинг) предвидува дека центарот мора да биде оперативно и финансиски независен од земјата во која лицето се враќа и мора да биде способен да изработи искрени и чесни извештаи. Во описот на должности исто така стои дека дека центарот мора да има капацитет за задачата, со експерти („набљудувачи“) обучени да откријат физички и психолошки знаци на тортура и злоупотреба и пристап до други независни експерти кога е тоа потребно. Набљудувач треба да придружува секое лице кое е вратено согласно МЗР („вратено лице“) во текот на неговото патување од земјата која го враќа и треба да оди со него до неговиот дом, или ако лицето се носи на друго место, до тоа место. Центарот Адалех треба да ги има контакт информациите на вратеното лице и неговите најблиски роднини и треба да е пристапен за секое вратено лице или неговите најблиски кои сакаат да стапат во контакт со центарот. Центарот треба ја извести државата која го враќа лицето за било каква загриженост во врска со постапувањето со вратеното лице или ако лицето исчезне. Првата година после враќањето на лицето, набљудувач треба да го/ја контактира, или преку телефон или лично, секоја недела.
81. Во однос на лишување од слобода, описот на должности е следен:
„4. Посети на лица лишени од слобода
(a) Кога телото за мониторинг дознае дека вратено лице било ставено во притвор, набљудувач или набљудувачи ќе го посетат лицето без одложување.
(б) После тоа, набљудувачите треба да ги посетуваат сите притвореници често и без известување (барем онолку често колку што МЗР дозволува); набљудувачите треба да размислат за почести посети кога тоа е соодветно, особено во првите фази на притворот.
(в) Набљудувачите треба да ги водат разговорите со притворениците без надзор, и со толкувач ако е потребно.
(г) Посетите за мониторинг треба да бидат вршени од експерти обучени да откријат физички и психолошки знаци на тортура и злоупотреба. Набљудувачот или набљудувачите кои вршат посета треба да утврдат дали на притвореникот му е обезбедено соодветно сместување, храна и лекарска нега, и дали со него се постапува хумано и правилно, во согласност со меѓународно прифатени стандарди.
(д) При разговор со притвореник, набљудувачот треба да поттикне и искрена дискусија и да ја набљудува состојбата на притвореникот.
(ѓ) Набљудувчите треба да средат лекарски прегледи да се одржуваат брзо во било кое време ако се загрижени за физичката или менталната благосостојба на притвореникот.
(е) Телото за мониторинг треба да добие што е можно повеќе информации за условите на притвор и постапувањето со притвореникот, вклучително и со прегледување на просториите за притвор и треба да обезбеди да биде информиран брзо ако притвореникот се премести од една установа за лишување од слобода во друга.“
82. Ставот 5 предвидува дека, со цел да го мониторираат почитувањето на правото на правично судење, набљудувачите треба да имаат пристап на сите судски рочишта, во согласност со условите на национална безбедност. Ставот 6 наведува дека набљудувачите треба да осигураат дека тие водат сметка за сите посебни гаранции дадени од страна на државата во која лицето се враќа во однос на тоа лице, и треба да го мониторираат почитувањето на тие гаранции. Ставот 7, во однос на давањето извештаи, предвидува дека телото за мониторинг треба да обезбедува редовни искрени извештаи до државата која го враќа лицето и треба да ја контактира таа држава веднаш ако неговите наоди тоа го налагаат.
...
IV. СОСТОЈБА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ВО ЈОРДАН
A. Извештаи на Организацијата на Обединетите нации
1. Совет за човекови права
106. Работната група за Универзалниот периодичен преглед го објавила својот извештај за Јордан на 3 март 2009 (A/HRC/11/29). Во извештајот се воочувало дека Јордан прифатил некои препораки насочени кон искоренување на тортурата. После извештајот Human Rights Watch го поздравил „константното преоценување“ на Јордан на неговите стандарди за човекови права но, заклучил дека одбивањето од страна на Јордан на некои важни препораки насочени кон искоренување на тортура било „многу разочарувачко“. Организацијата го повикала Јордан брзо да ги имплементира препораките за воспоставување на независни механизми за жалби, дозволување на ненајавени посети во затвор и да ги укине полициските судови, кои биле составени од полициски службеници кои одлучувале по наводи за тортура против нивни колеги. Слични препораки биле дадени и од Владата на Обединетото Кралство во нејзината изјава до Советот за човекови права.
2. Комитет против тортура на Организацијата на Обединетите нации
107. Комитетот против тортура, во неговите завршни забелешки за Јордан од 25 мај 2010 (CAT/C/JOR/CO/2), го поздравил континуираните напори на Јордан за воспоставување на Националниот центар за човекови права, на независен Омбудсман кој ќе прима претставки и обемен план за модернизација на установите за притвор. Сепак, комитетот бил длабоко загрижен поради „бројните, конзистентните и веродостојни наводи за широко распространета и рутинска пракса на тортура и злоупотреба на притвореници во установите за притвор, вклучително и установи кои се под контрола на Службата за општо разузнавање“. Тој исто така открил „атмосфера на неказнивост“ и отсуство на соодветно кривично гонење на извршителите. Комитетот исто така ја изразил својата загриженост за малиот број на истраги за наводи на тортура и својата сериозна загриженост за недостатокот на фундаментални заштитни правни механизми за притворениците и прекумерната употреба на административен притвор, со што притворениците биле вон судска контрола. Комитетот исто така препорачал СОР да биде ставен под цивилна власт, со оглед дека продолжувала да лишува од слобода осомничени лица арбитрерно и во изолација и да им оневозможува на притворениците пристап до судии, адвокати или лекари. Комитетот исто така бил сериозно загрижен за системот на специјални судови во Јордан, во кој спаѓал и Државниот суд за безбедност, каде воени и лица задолжени за безбедноста за кои имало наводи дека се одговорни за повреди на човекови права биле штитени од правна одговорност, и каде процедурите не биле секогаш во согласност со стандардите за правично судење. На крај, во однос на член 15 од Конвенцијата против тортура, Комитетот заклучил:
„Воочувајќи го постоењето на член 159 од Законот за кривична постапка [исклучување на докази добиени со принуда] кој не упатува изречно на тортура, Комитетот ја изразил својата загриженост за извештаи дека употребата на изнудени признанија како докази во судовите е широко распространета во државата договорничка.
...
Државата договорничка треба да ги преземе потребните мерки за да гарантира дека нема да бидат дозволени пред суд признанијата добиени како последица на тортура во сите случаи, во согласност со одредбите на член 15 од Конвенцијата. Комитетот бара државата договорничка конечно да забрани дозволување на докази добиени како последица на тортура во било која постапка, и да даде информациии за тоа дали службени лица биле гонети и казнети за изнудување на такви признанија.“
3. Комитет за човекови права на Организацијата на Обединетите нации
108. Завршните забелешки на Комитетот за човекови права од 18 ноември 2010 (CCPR/C/JOR/CO/4) исто така даваат пофалба за реформите на Јордан, вклучувајќи го и инкорпорирањето во домашното право на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Сепак, во забелешките на Комитетот за човекови права спаѓале: големиот број на пријавени случаи на тортура и злоупотреба во установи за лишување од слобода, особено установите на СОР, отсуството на вистински независни механизми за жалба за одлучување во случаи на наводна тортура или злоупотреба од страна на службени лица, како и малиот број на обвиненија во такви случаи, оневозможувањето на брз пристап до адвокат и независни лекарски прегледи на лица лишени од слобода, и фактот што на НВО не им бил дозволен пристап до установи за лишување од слобода. Затоа, Комитетот препорачал воспоставување на ефикасен и независен механизам кој ќе одлучува по наводи за тортура, соодветни истраги и кривично гонење, итен пристап за притвореници до адвокат по нивен избор и независен лекарски преглед, и основање на систем на независни посети во сите установи за лишување од слобода.
Комитетот исто така ја изразил својата загриженост за ограничената организациона и функционална независност на Државниот суд за безбедност и препорачал негово укинување.
4. Специјалниот известувач
109. Во неговиот извештај од 5 јануари 2007 до Советот за човекови права (A/HRC/4/33/Add.3), Специјалниот известувач за тортура на Организацијата на Обединетите нации, Manfred Nowak, воочил, помеѓу другото, дека СОР одбила да му дозволи приватни посети на лица лишени од слобода и заклучил:
„Повеќе конзистенни и веродостојни наводи на тортура и злупотреба беа пријавени до Специјалниот известувач. Посебно, се тврдеше дека тортура била практикувана од Службата за општо разузнавање (СОР) за да се изнудат признанија и за да се добијат разузнавачки информации за исполнување на цели на борба против тероризмот и национална безбедност, и во Одделот за кривични истраги (ОКИ) за да се изнудат признанија во текот на обични кривични истраги. Со оглед на тоа дека овие установи беа посочени како најчесто споменувани како двата најозогласени центри за тортура во Јордан, врз основа на сите собрани докази, недавањето на можност да се оценат овие наводи преку разговори со притвореници во СОР без надзор, и со оглед на намерните обиди на службените лица да ја попречат неговата работа, Специјалниот известувач потврдува дека праксата на вршење тортура е вообичаена во СОР и ОКИ ... Понатаму, во пракса, одредбите и заштитните механизми предвидени во јорданското право за справување со тортура и злоупотреба се бесмислени затоа што безбедносните служби се практично заштитени од независно кривично гонење и судска оцена, затоа што злоупотребата од страна на службени лица на тие служби се разгледува од страна на специјални полициски судови, разузнавачки судови и воени судови, кои немаат гаранции за независност и непристрасност.“
110. Во овој контекст, Известувачот исто така заклучил:
„57. Специјалниот известувач известува дека не се преземаат истраги по службена должност дури во случај на тешки повреди здобиени од осомничен, ниту едно службено лице не можеше да му покаже на Известувачот сериозни мерки кои биле преземени за истрага на наводи, ниту во најмала рака брз и навремен лекарски преглед и документирање на повредите со кои се здобило лице лишено од слобода. ...
60. Парадокссално, иако службениците за спроведување на правото тврдат дека нема наводи за тортура во ницните институции, Касациониот суд има преиначено повеќе осуди од причини што овластените лица од службите за безбедност добиле признанија од притовреници со тортура. За жал, дури ниту овие наводи не поттикнуваат било каква официјална истрага за неправилното постапување од страна на службени лица и ниту еден од тие службени лица кои се вмешани во тоа никогаш не биле изведени пред суд.
61. Понатаму, одлуките и пресудите на Касациониот суд се однесувале на случаи во кои за осомничени лица одлучуваат спедијални судови во исто време се цитираат од страна на владини функционери за да го одбранат системот, посочувајќи на постоењето на независна контрола над нив во облик на жалби против одлуките на сшецијалните судови до Касациониот суд.
62. Сепак, во однос на прашањето на неказнивост о одлучувањето на специјални судови за полициски службеници и разузнавчи за наводи за тортура или злоупотреба, не беа доставени никакви докази кои ќе посочат примери во кои ослободителни пресуди на специјалните судови за полициски службеници биле успешно обжалени до Касациониот суд, ако воопшто против нив биле поднесени жалби.
63. Tоа води кон заклучок дека неказнивоста е целосна. Системот на специјални судови воопшто не фукционира ефикасно.Тоа што не е предвидено кривично дело тортура согласно член 1 од Конвенцијата против тортура е само дел од проблемот. Во суштината на проблемот е систем во кој презумпцијата на невиност е илузорна, а предимство се дава на добивањето на признание, службените лица во основа не покажуваат никакво чувство за должност, и не презмаат никаква одговорност за да истражат повреди на човековите права на осомничени криминалци, а системот на домашни специјални судови служи само за да ги заштити службениците на безбедносните служби од правдата [фуснотите се изоставени]“
111. Известувачот препорачал воведување на низа основни заштитни механизми за лицата лишени од слобода, вклучително и подобри правила кои го регулираат дозолувањето на признанија [како докази во постапката].Тој исто така препорачал укинување на Државниот суд за безбедност.
Б. Други извештаи
1. Amnesty International
112. Amnesty International има подготвено повеќе извештаи за постапувањето со лица лишени од слобода во Јордан. Нејзиниот најобемен извештај насловен „Јордан: ‘Вашите признанија се подготвени за ваш потпис: лишување од слобода и тортура на политички осомничени лица”, бил објавен во јули 2006. Во извештајот се критикува Јордан за одржување на систем на притвор во изолација која ја олеснувал тортурата, особено во рамките на СОР, каде тортурата била систематска и практикувана со неказнивост. Просторот за злоупотреба од страна на СОР бил далеку поголем затоа што на службените лица на СОР им била дадена надлежност на јавните обвинители ( затоа и судска власт), дозволувајќи на самата СОР да продолжува притвор заради испрашување. Било практично невозможна задача за притвореник да докаже дека бил мачен од страна на СОР затоа што бил зборот на притвореникот против зборот на службените лица на СОР. Во извештајот се сметало дека воведувањето на мониторинг од страна на јорданскиот Национален центар за човекови права и Меѓународниот комитет на Црвениот крст биле позитивни и ако можеби ограничени мерки, и двете организации биле спречени да ги посетуваат сите лица лишени од слобода во установите на СОР.
113. Иако измените од 2001 на член 66 од Законот за кривична посапка дозволувале пристап на лицата лишени од слобода до нивните адвокати, дури и кога биле во притвор во изолација, општата пракса очигледно контрадикторна на овие одредби во случаи пред Државниот суд за безбедност, била лицата лишени од слобода да бидат држени долго време и во изолација. Имало исто така и очигледни прекршувања на правото адвокат да биде присутен во текот на испрашување пред Јавниот обвинител. Државниот суд за безбедност бил „воглавно немоќен“ во однос на наводите за тортура, не успевајќи соодветно да истражи такви наводи. Судењата пред тој суд биле често неправични, судот бил склон да осудува обвинети врз основа на признанија за кои имало наводи дека се изнудени со тортура. Во извештајот се воочувало дека во текот на претходните десет години, сто обвинети лица тврделе пред Државниот суд за безбедност дека биле мачени за да признаат; биле дадени наводи во четиринаесет такви случаи во 2005, сепак Државниот суд за безбедност не успеал адекватно да ги истражи таквите тврдења. Жалба до Касациониот суд не била соодветен заштитен механизам.
114. Во извештајот биле опишани девет анализи на случај [case studies] пред Државниот суд за безбедност на признанија изнудени со тортура од страна на СОР, вклучително и случајот на процесот на милениумскиот заговор. Во извештајот било регистрирано дека најмалку четворица од обвинетите, вклучително и Abu Hawsher, биле мачени во текот на ипрашувањето од страна на СОР, а на нивните тела наводно имало знаци од мачење кога нивните блиски и адвокатите ги виделе за прв пат. Сведоци сведочеле дека во текот на реконструкција на местото на настанот, тие го виделе еден од обвинетите, г-н Sa’ed Hijazi, како го придржуваат двајца чувари затоа што очигледно не можел да стои сам. Во случајот на друг обвинет, г-н Ra’ed Hijazi (двоен државјанин на САД и Јордан), лекар сведочел дека тој добил тешка пневмонија додека бил држен во притвор во изолација. Конзулот на САД, за кој било кажано дека видел знаци на тортура на неговото тело, не можел да сведочи на судењето заради дипломатски имунитет.
115. Во извештајот исто така било заклучено дека МЗР склучен помеѓу Обединетото Кралство и Јордан не бил соодветен заради пропуштањето на Јордан да ја почитува апсолутната забрана за тортура, и уште повеќе, мониторирањето после враќање не можело да ги замени условите од меѓународното право дека треба да има системски легислативни, судски и административни заштитни механизми за спречување тортура. Мониторирање, дури и од страна на професионални организации, било недоволно за нејзино спречување.
2. Human Rights Watch
116. Во својот извештај „Сомнителни чистки: Службата за општо разузнавање и проблемот со владеење на правото во Јордан“ од 18 септември 2006, организацијата документирала случаи на злоупотреба од страна на СОР. Во извештајот исто така бил содржан и овој дел во однос на судењата пред Државниот суд за безбедност:
„ДСБ е специјален суд основан согласно член 99 и член 100 од Уставот на Јордан.
...
Началникот на заедничкиот Гемералштаб именува воено лице да работи како обвинител, потврдувајќи го потчинетиот карактер на судот. Канцелариите на обвинителите на ДСБ се физички лоцирани во централниот комплекс на СОР. Обвинителот на ДСБ е службено лице кои подигнува обвиненија против лица лишени од слобода и дозволува продолжување на нивниот притвор. Обвинителот на ДСБ кој ги истражува кривичните дела за кои притворениците на СОР се обвинети е воено лице, во крајна линија под истата администравна власт како и разузнавачите. Тоа покажува фундаментален недостаток на независност и непристрасност.
...
Член 7 од Законот за ДСБ предвидува дека лицата кои се под истрага со цел да бидат гонети за кривично дело за кое ДСБ има јурисдикција може да бидат притворени “кога е неопходно не повеќе од седум дена“ пред да бидат изведени пред обвинител за да бидат обвинети. Обвинителот може да го продолжи решението за притвор за петнаесет дена кои може повторно да бидат продолжени откако осомничениот е обвинет, ако тоа е „во интерес на истрагата“. Адвокат кој застапува обвинети ѝ кажал на Human Rights Watch дека е „вообичаено притвореник да остане во притвор на СОР околу шест месеци. Кога СОР ќе заврши со истрага тие се преместуваат во обичен затвор или се ослободени.“
Според јорданскиот закон, иако обвинителот формално ја води истрагата штом е подигнато обвинение, во случаи пред ДСБ пракса е обвинителите да делегираат одговорност на службени лица на СОР да ја продолжат истрагата, вклучително и испрашувањето. Сите притвореници со кои Human Rights Watch разговарал се присетиле дека додека биле во притвор тие се состанувале само со вработени на СОР, освен кога тие биле изведени пред обвинител за да бидат обвинети. Сепак, неколку притвореници јасно кажале дека не можеле со сигурност да ги разликуваат службените лица на СОР и службените лица од канцеларијата на обвинителот, затоа што сите носат цивилна облека, го спроведуваат испрашувањето на сличен начин и се сместени во близина.
Јавниот обвинител е исто така законски орган за жалби на притвореници во однос на сурово или нечовечко постапување или тортура. Јорданскиот закон наложува секое службено лице вклучувајќи ги и службениците на СОР, да примаат и пренесуваат жалби до нивните надредени. Улогата на обвинителот вклучува истрага за жалби во кои се тврди дека бил прекршен законот. Фундаменталниот недостаток на независност на обвинителот во рамките на структурите на СОР и ДСБ [sic] ја прави оваа улога сосема неефикасна., Samih Khrais, адвокат кој има застапувано десетици клиенти пред Државниот суд за безбедност ѝ кажал на организацијата Human Rights Watch: „Обвинителот ќе врати притвореник назад во ќелија ако тој каже дека признал заради тоа што бил мачен“. Khrais рекол дека заради улогата на обвинителот во процесот пред ДСБ и правилата согласно кои изјавите дадени под тортура се недозволени пред суд, обвинителите на ДСБ не се расположени да постапат по какви било жалби за тортура. Еден притвореник, Mustafa R., кој рекол дека бил мачен и пред да биде и откако бил обвинет, ѝ кажал на Human Rights Watch дека кога бил изведен пред обвинител за да биде обвинет тој бил сам со обвинителот во неговата канцеларија во комплескот на СОР, додека автомобил со лицата кои го испрашувале чекала надвор за да го врати во неговата ќелија. Обвинителот не презел никаква истрага за тоа дали незаконска присилба или принуда била употребена против Mustafa R во текот на неговиот распит. Друг поранешен притвореник, Muhammad al-Barqawi, ја известил Human Rights Watch дека ако одбраната побара адвокат или ако тврди дека имало тортура, обвинителот го враќа притвореникот за дополнително испрашување, кажувајќи „Тој сѐ уште не е подготвен.“
117. Во својот извештај од 8 октомври 2008: „Тортура и неказнивост во затворите на Јордан“, кој бил заснован на посети во затвор кои биле спроведени во 2007 и 2008, Human Rights Watch заклучила дека тортурата и понатаму била широко распространета и рутинска во затворите во Јордан. Организацијата примила наводи за злоупотреба од 86 од 110-те затвореници со кои разговарала. Во извештајот било исто така заклучено дека затворските чувари ги мачеле затворениците затоа што обвинителите и судиите не преземале речиси ништо за да ги гонат. Во извештајот било воочено дека подготвеноста на јорданската Влада да одобри пристап во затворите била за пофалба и одразувала позитивна посветеност за реформи. Сепак, во извештајот исто така се забележувало дека јавната загриженост на јорданското раководство не покажала трајни ефекти на терен. Тортурата се вршела рутински кога затворениците ги прекршувале затворските правила, кога поднесувале барања за лекари, телефонски повици или посети, или кога поднесувале жалби. Затворениците исламисти се соочувале со поголема злоупотреба отколку останатите. Бројот на наводите за тортура бил намален но, тие останале честа појава. Тортурата не била генерална политика, иако високи затворски службеници наредувале тепање. Тортурата била „практика која се толерира“ затоа што немало механизми за индивидуална одговорност. Владата полека презела неколку почетни чекори за да обезбеди поголеми шанси за обештетување, но, не ги остварувала со решителност.
118. Во делот во Светскиот извештај од 2010 за Јордан, Human Rights Watch исто така коментирала дека другите позитивни реформи како што е јорданскиот Национален центар за човекови права и програми за обука во врска со [спречување] тортура, биле далеку од доволни со оглед на недостатокот на политичка волја во Јордан и на ефикасни механизми за извршителите да се изведат пред суд.
3. Јорданскиот Национален центар за човекови права (НЦЧП)
119. Во својот Годишен извештај за 2005, НЦЧП потврдил дека иако јорданскиот закон бил јасен во однос на незаконитоста на осуда заснована на признание кое било добиено со принуда, тешко било обвинетите да докажат дека признанијата биле добиени на тој начин, особено со оглед на недостатокот на сведоци и долгото траење на притворот што значело дека лекари специјалисти по судска медицина не можеле да откријат злоупотреба.
120. Во својот извештај за 2007 НЦЧП воочил дека податоците за кривични постапки покажувале „јасен недостаток – во многу случаи – на посветеност кон основните критериуми на правично судење“. Извештајот посебно упатувал на судењето на цивили пред Државниот суд за безбедност чии судии биле „наклонети кон војската“ што го поткопувало принципот на судска независност и ги намалувало гаранциите за правично судење.
121. Во својот извештај за 2008 НЦЧП ги воочил континуираните потешкотии во откривање на тортура, вклучувајќи го долгото време кое притворениците го поминувале во притвор и фактот што оние кои биле одговорни за принуда на обвинетите не ги запишувале нивните изјави, што значи дека изјавите станувале законски убедливи докази. НЦЧП исто така воочил дека во определен дел од годината бил спречен да посетува затвори. Сепак, имало повеќе позитивни мерки против тортура кои биле воведени од Владата.
122. Во својот извештај за 2009 НЦЧП воочил дека напорите за борба против тортура биле сѐ уште „просечни и нерешителни“. Во проблемите спаѓале Законот за спречување на криминал, кој дозволувал притвор во изолација без судски надзор; Законот за државна безбедност кој дозволувал притвор од седум дена пред лицето да биде изведено пред судија и дека изјава дадена од страна на осомничен без присуство на Јавен обвинител била дозволена ако била “доставена до јавното обвинителство заедно со доказ за околностите под кои таа била дадена“ и „ако осомничениот ја дал изјавата доброволно“.
4. Стејт департмент на САД
123. Извештајот за човекови права на Стејт департментот на САД од 2009 за Јордан ги регистрирал забелешките на локални и меѓународни НВО дека тортурата и понатаму била широко распространета иако тие исто така забележале намалување на бројот на поднесени жалби во тој поглед. НВО исто така заклучиле дека механизмите за жалба исто така се подобриле но, дека биле нужни дополнителни реформи. Во извештајот исто така стоело:
„За разлика од претходни години немаше нови јавни наводи за тортура од страна на обвинети пред Државниот суд за безбедност. На 15-ти април, тројца од пет луѓе кои тврделе дека биле мачени од 2007 до мај 2008 добија казна затвор од пет години. Другите двајца беа ослободени затоа што немало докази. Владата сметаше дека нивните наводи за тортура се незасновани, како и за наводите за тортура од јануари 2008 на две лица обвиените за извезување на оружје во Западниот брег и чија кривична постапка сѐ уште траеше на крајот на годината.
На 14-ти мај, Државниот суд за безбедност ги осуди Nidal Momani, Tharwat Draz, и Sattam Zawahra на смрт заради подготвување заговор да убијат странски лидер додека ја посетувал земјата во 2006, но, веднаш ја ублажил казната во казна затвор од петнаесет години. Во 2007 и 2008, притворениците тврдеа дека биле тепани и под психолошки притисок да признаат.“
124. Извештајот за 2010 регистрирал дека јорданскиот закон забранувал тортура, но, сепак, меѓународните НВО и понатаму известувале за случаи на тортура и широко распространета злоупотреба во полиција и во безбедносните центри за притвор. Во однос на процедурите за апсење и судење, во извештајот се воочувло дека:
„ Државниот суд за безбедност ѝ дава на судската полиција, која е задолжена да врши кривични истраги, надлежност да апси лица и да ги држи во притвор десет дена. Оваа надлежност исто така се однесува за апсење за наводни прекршоци. Во случаи кои наводно се поврзани со државната безбедност, безбедносните сили уапсиле и притвориле граѓани без налог за апсење или без судска оцена, ги држеле обвинетите долго време во притвор пред судење без да ги информираат за обвинението против нив и не им дозволувале на обвинетите да се сретнат со нивните адвокати или дозволувале состаноци накусо пред започнување на судењето. Обвинетите пред Државниот суд за безбедност обично се состанувале со нивните адвокати на почетокот на судењето или само еден или два дена претходно. Рочиште можело да биде одложено за четириесет и осум часа само во исклучителни околности утврдени од страна на судот. Во пракса, во случаите рутински имало одложување од повеќе од десет дена помеѓу рочишта со што постапката траела неколку месеци. Во повеќето случаи обвинетиот останувал во притвор без гаранција во текоот на постапката. Неколку затвореници биле во притвор без обвинение на лрајот на годината.“
Во извештајот исто така се коментирало дека јорданскиот закон предвидувал независно судство. Сепак, независноста на судството во пракса била компромитирана со наводи за непотизам и за влијанието на специјалните интереси.
V. РЕЛЕВАНТНО СПОРЕДБЕНО И МЕЃУНАРОДНО ПРАВО ВО ВРСКА СО ТОРТУРА И УПОТРЕБАТА НА ДОКАЗИ ДОБИЕНИ СО ТОРТУРА
A. Конвенција против тортура на Организацијата на Обединетите нации
1. Релевантни одредби на Конвенцијата
125. Сто четириесет и девет држави се договорни страни на Конвенцијата на Организацијата на Обединетите нации против тортура и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување од 1984 („UNCAT“), вклучително и сите држави членки на Советот на Европа. Член 1 од Конвенцијата ја дефинира тортурата како:
„секој акт со кој на некое лице намерно му се нанесува силна болка или страдање, без разлика дали физичко или психичко, заради добивање информации или признание од него или од некое трето лице или заради негово казнување за дело кое тоа или некое трето лице го извршило или за чие извршување е осомничено, заплашување или принудување на тоа лице или некое трето лице од која и да било друга причина заснована на која и да било формна на дискриминација, кога таа болка или тие страдања ги нанесува службено лице или кое и да било друго лице кое дејствува во службено својство или на негов поттик или со негова изречна или молкумна согласност. Тој израз не се однесува на болка или страдање кои произлегуваат од законски санкции, кои се неодвоиви од тие санкции или кои тие санкции ги произведуваат.“
126. Член 1 став 2 предвидува дека е без негативно влијание на било кој меѓународен инструмент или домашен закон кој содржи или може да содржи одредби со поширока примена. Член 2 наложува државите да преземат ефикасни законски, административни, судски или други мерки за спречување на акти на тортура на секоја територија под нивна надлежност. Член 4 наложува секоја држава договорничка да гарантира дека сите акти на насилство се кривични дела согласно нејзиниот кривичен законик.
127. Член 3 предвидува :
„1. Ниту една држава договорничка нема да протера, врати (‘refouler’) или екстрадира некое лице во друга држава во која има сериозни причини за да се верува дека тоа лице ќе биде во опасност да биде подложено на тортура.
2. Со цел да утврдат дали има такви причини, надлежните органи ќе ги земат предвид сите релевантни околности вклучувајќи го евентуално, постоењето на низа систематски, сериозни, флагрантни и масовни повреди на човекови права во државата за која станува збор.“
128. Член 12 предвидува дека секоја држава договорничка се грижи нејзините надлежни органи да преземат навремена и непристрасна истрага, секогаш кога кога има основана причина да се верува дека бил извршен акт на тортура на секоја територија под нејзина надлежност.
129. Член 15 наложува секоја држава да гарантира дека секоја изјава за која ќе се утврди дека била дадена како резултат на тортура нема да биде употребена како доказ во било која постапка, освен во постапка против лицето кое е обвинето за тортура како доказ дека изјавата била дадена.
.
2. Судска пракса и извештаи кои се однесуваат на член 15 од UNCAT
(a) Комитет против тортура на Организацијата на Обединетите нации
130. Во P.E. v. France (21 ноември 2002, жалба бр. 193/2001, CAT/C/29/D/193/2001), Комитетот го разгледувал случајот на германски државјанин кој бил екстрадиран од Франција во Шпанија. Жалителот тврдел дека шпанското барање за екстрадиција било засновано на изјави од трето лице добиени со тортура. Иако отфрлајќи ја жалбата како непоткрепена со докази, Комитетот сметал дека одредбите на член 15 биле применливи во однос на постапката за екстрадиција во Франција и дека Франција имала обврска да ја провери основаноста на дадените наводи. „Широкиот опсег“ на член 15 и неговото применување во однос на постапка за екстрадиција биле потврдени од Комитетот во G.K. v. Switzerland (7 мај 2003, жалба бр. 219/2002, CAT/C/30/D/219/2002), кој исто така се однесувал на екстрадиција во Шпанија каде основата на барањето за екстрадиција биле изјави на трето лице наводно добиени со тортура. Кривичната постапка поведена од третото лице проитв наводниот извршител на тортурата била сопрена од страна на шпанските органи и затоа жалбата била одбиена од страна на Комитетот како непоткрпена со докази; последователно, екстрадирајќи го жалителот Швајцариа не го прекршила член 15.
131. Во своите завршни забелешки за Русија од 6 февруари 2007 (CAT/C/RUS/CO/4), Комитетот бил загрижен дека иако рускиот Закон за кривична постапка наведувал дека докази добиени со тортура биле недозволени, во пракса, се чинело дека немало инструкцции до судовите да одлучат дека таквите докази се недозволени или да наредат итна, непристрасна и ефикасна истрага. Комитетот препорачал усвојување на јасна законски одредби со кои се предвидуваат мерките кои судовите треба да ги преземат ако се чини дека докази биле добиени со тортура или злоупотреба, за да се осигура во пракса апсолутно почитување на принципот на недозволеност на докази добиени преку тортура.
Комитетот исто така изразил загриженост во своите завршни забелешки за Соединетите Американски Држави (22 јули 2006, CAT/C/USA/CO/2), во врска со примената на член 15 на воени комисии и тела кои би оценувале случаи на лицата лишени од слобода во Гвантанамо, Куба. Комитетот препорачал Соединетите Американски Држави да формираат независен механизам кој ќе ги гарантира правата на сите лица кои ги има лишено од слобода.
Во својот извештај за Мексико (26 мај 2003, CAT/C/75), Комитетот сметал дека член 20 од мексиканскиот Устав (кој предвидувал дека признание кое не е дадено на Јавниот обвинител или на судија или кое е дадено без присуство на адвокат, немало доказна вредност), не бил доволен за да спречи тортура во пракса. Притворениците се плашеле да му кажат на Јавниот обвинител дека биле мачени, немало доволен пристап до адвокати, канцеларијата на Јавниот обвинител и полицијата тесно соработувале и притворениците биле постојано препраќани меѓу нив заради испрашување и потоа, изнудени признанија, обвинителите не спроведувале истраги за наводи за тортура и, ако спроведеле, сепак ги користеле признанијата, а лекарските извештаи не биле доволно независни од обвинителот. Било „исклучително тешко“ изнудените признанија да се исклучат како докази: судовите немале независни средства за да утврдат дали признанијата биле дадени доброволно (параграфи 155, 196-202 и 219-20 oд извештајот.
(б) Франција
132. Апелациониот суд во По се повикал на член 15 во неговата одлука со која одбил барање за екстрадиција во Шпанија во Irastorza Dorronsoro, предмет бр. 238/2003, 16 мај 2003. Било потврдено од шпанските органи дека изјавите на трето лице, г-ѓа Sorzabal Diaz, дадени додека била лишена од слобода, биле единствениот доказ против г-н Irastorza Dorronsoro. Судот заклучил дека имало сериозни причини за да се верува дека г-ѓа Sorzabal Diaz била физички злоупотребена додека била во притвор и дополнителни истраги на шпанските органи не успеале да ги негираат тие забелешки. Затоа, не можело да се исклучи, дека изјавите биле добиени спротивно на член 15 и, затоа, барањето за екстрадиција било одбиено.
(в) Германија
133. Апелациониот суд во Дизелдорф (Oberlandesgericht) исто така се повикал на член 15 во својата одлука од 27 мај 2003 со која одбил барање за екстрадиција на лице осомничено дека е терорист во Турција. Судот потврдил дека Турција ја имала ратификувано UNCAT и дека ги инкорпорирала нејзините одредби во домашниот закон. Сепак, имало вистински ризик (konkrete Gefahr) дека тие одредби нема да се почитуваат во случај на еккстрадиција на лицето. Врз основа на изведените докази, судот утврдил основани докази (begründete Anhaltspunkte) за да претпостави дека изјавите дадени на полицијата во Истанбул од страна на триесет и двајца сообвинети есента 1998 – кои содржеле целосни признанија – биле дадени под влијание на акти на тортура од страна на турските безбедносни сили. Наводите за тортура биле поткрепени со медицински документи (иако имало делови кои не биле јасни) и се поклопувале со информациите кои биле достапни од генерални извештаи а методи на тортура кои вообичаено се користеле – не секогаш со последици кои можат физички да се проверат – во полициски притвор во Турција. Исто така, имало ризик поткрепен со конкретни докази (durch konkrete Indizien belegte Gefahr), дека изјавите кои биле земени од сообвинетите може да бидат употребени во постапка против лицето чија екстрадиција ја барала Турција. Апелациониот суд потврдил дека во нивните пресуди, турските судови биле обврзани да ги земат предвид домашните и меѓународните правни одредби кои забрануваат докази добиени со тортура, како и судската пракса на турскиот Касационен суд дека признанија кои не се поткрепени со докази не се дозволени. Сепак, извештаите за човекови права постојано воочувале дека несоодветната истрага од страна на турскиот казнен систем за наводи за тортура значела дека судовите продолжувале да користат признанија добиени од полицијата со злоупотреба. Постоеле основи за загриженост дека Националниот суд за безбедност во Истанбул ќе го стори тоа во дадениот случај, и дека ќе биде невозможно да се докажат обвиенијата против бараното лице без потпирање на изјавите од есента 1998 дадени на полицијата.
134. Управниот суд во Келн (Verwaltungsgericht) се повикал на пресудата на Апелациониот суд во Дизелдорф, во неговата пресуда од 28 август 2003 во поврзан случај за екстрадиција. Судот во Келн заклучил дека заклучоците на Апелациониот суд не биле променети со дополнителни гаранции дадени од турските органи, тие гаранции не биле конкретни туку упатувале на општите важечки одредби на турскиот закон за докази добиени со тортура..
135. Во re. El Motassadeq, пред кривичниот оддел на Апелациониот суд во Хамбург (Oberlandesgericht), обвинетиот бил обвинет за заговор да ги спроведе нападите од 11 септември 2001. На судот му биле дадени резимеа на изјави дадени од тројца сведоци кои биле држени и испитувани во притвор во САД. Не биле дадени одговори на прашањата во однос на видот на испитувањето од страна на органите на САД. Судот ја засновал својата оцена на тоа дали била употребена тортура на јавно достапни извори. Судот заклучил дека генерално, не било докажано дека сведоците биле мачени, помеѓу другото, затоа што содржината на изјавите не била еднонасочна. Тоа значело дека судот одлучил да не го разгледува член 15 од UNCAT, кој, според тој суд, би оправдал забрана за користење на доказите (види го резимето на пресудата во A and others (бр. 2), параграфи 60, 122-23 и 140-41). Жалбата која жалителот потоа ја изјавил до овој Суд била прогласена за недопуштена како очигледно неоснована (види El Motassadeq v. Germany (dec.), no. 28599/07, 4 May 2010).
Б. Обединето Кралство
1. A and others (бр. 2)
136. Во A and others (бр. 2) v. Secretary of State for the Home Department [2005] UKHL 71, Домот на лордови одлучувал дали САКИ можела законито да дозовли докази кои биле или можеи биле добиени со тортура во друга држава без соучество на британски службени лица. Врз основа на прецендтното право, судската пракса на овој Суд и меѓународното јавно право, вклучувајќи ја и UNCAT, лордовите заклучиле дека комисијата не можела да го стори тоа.
137. Лордовите биле поделени во однос на тестот кој САКИ требала да го примени при одлучувањето дали доказите треба да бидат дозволени. Сите лордови се согласиле дека конвенционален пристап кон товарот на докажување не бил соодветен со оглед на карактерот на процедурите пред САКИ. Жалителот во жалба до САКИ не можело да се очекува да направи нешто повеќе отколку да даде задоволителна причина дека доказите можеби биле добиени со тортура. Кога ќе дадел таква причина САКИ била должна да отвори релевантни истраги. Мнозинството лордови, (лордовите Hope, Rodger, Carswell и Brown) потоа заклучиле дека САКИ треба да го усвои тестот за дозволеност на докази предвиден со член 15 од UNCAT. Tие заклучиле дека САКИ треба да утврди дали било докажано врз основа на одмерување на веројатност [balance of probabilities] дека доказите биле добиени со тортура. Ако се убеди во тоа, САКИ не требала да ги дозволи доказите, но, ако се сомневала, требала да ги дозволи доказите, земајќи ги предвид своите сомнежи кога ќе ги цени тие докази. За разлика од тоа, лордовите Bingham, Nicholls и Hoffmann заклучиле дека тој тест не можел никогаш да биде исполнет и би ја поткопал практичната ефикасност на UNCAT. Tие предложиле помалку строг тест, имено дека ако САКИ заклучела дека имало вистиснки ризик дека доказите биле добиени со тортура, таа не требало да ги дозволи доказите.
...
В. Канада
139. Во India v. Singh 108 CCC (3d) 274 (1996), Врховниот суд на Британска Колумбија одлучувал по барање за екстрадиција каде се тврдело дека prima facie аргументите против лицето во бегство, Singh, биле засновани на пет признанија од страна на лица кои заедно со него направиле заговор а кои биле добиени со тортура. Судот заклучил дека, за да утврди дали може да се постапи по барањето за екстрадиција затоа што имало prima facie аргументи, изјава добиена со тортура не била дозволена. Сепак, товарот на докажување дека изјавата била добиена на таков начин бил на лицето во бегство кое го дало таквиот навод. Имало согласност деа тој навод треба да се докаже со одмерување на веројатности.. Судот заклучил дека наводот не бил докажан согласно тој стандард затоа за четири од изјавите, освен за петтата.
140. Пристапот во A and others (no. 2) бил следен од Сојузниот суд на Канада во Mahjoub v. Canada (Minister of Citizenship and Immigration). Mahjoub исто така се однесувал на прашање за депортација со гаранции и е резимиран во параграф 153 подолу.
VI. РЕЛЕВАНТА ДОМАШНА И МЕЃУНАРОДНА СУДСКА ПРАКСА И КОМЕНТАРИ ВО ВРСКА СО ДИПЛОМАТСКИ ГАРАНЦИИ
141. Покрај коментарот за гаранции којшто беше резимиран во Ismoilov and Others v. Russia, no. 2947/06, §§ 96-100, 24 April 2008, странките ги доставија следните материјали.
A. Извештаи и други меѓународни коментари
142. Во своите завршни забелешки од 2006 за Соединетите Американски Држави, Комитетот против тортура на Организацијата на Обединетите нации препорачал дека дипломатските гаранции можат да се користат само во однос на држави кои не ги прекршуваат систематски одредбите на UNCAT и после темелно анализирање на основаноста на секој поединечен случај. Комитетот препорачал јасни процедури за добивање гаранции, со адекватни судски механизми за преоценување и ефикасни мерки за мониторирање после враќање на лицето.
143. Во своето обраќање во февруари 2006 до Групата на експерти за човекови права и за борба против тероризам (DH-S-TER) на Советот на Европа, Louise Arbour, тогашен Комесар за човекови права на Организацијата на Обединетите нации, кажала:
„Врз основа на долгото искуство на меѓународни тела за мониторинг и експертите, не е веројатно дека механизам за мониторинг после враќање составен изречно заради спречување на тортура и злоупотреба во конкретен случај ќе го има саканиот ефект. Овие практики често се вршат тајно, а извршителите се обучени да го спречат откривањето на таквите слоупотреби. Жртвите, плашејќи се, често не се подготвени да зборуваат за нивното страдање, или не им се верува ако зборуваат.“
144. Во неговиот „став“ од 27 јуни 2006, Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Thomas Hammarberg, изјави дека дипломатските гаранции биле ветувања кои не биле веродостојни и кои се покажале како неефикасни во добро документирани случаи. Неговиот став беше дека принципот на невраќање [non-refoulement] не треба да биде поткопан со удобни, необврзувачки ветувања.
145. Заедничкиот комитет за човекови права на Парламентот на Обединетото Кралство (во неговиот извештај од 18 мај 2006) и Комитетот за меѓународни односи на Претставничкиот дом (во неговиот извештај од 26 јули 2008) исто така изразиле загриженост за политиката на Обединетото Кралство да бара гаранции.
146. Human Rights Watch многу ја критикувала употребата на гаранции. Во есеј во својот Светски извештај за 2008 насловен „Внимавај на празнината: дипломатските гаранции и ерозијата на глобалната забрана на тортурата“, тврдел дека проблемот со гаранциите бил во природата на самата тортура, којашто се вршела тајно со употреба на средства кои често го спречувале нејзиното откривање. Во есејот исто така биле разгледани мерките договорени помеѓу Обединетото Кралство и Јордан. Го опишал Центарот Адалех како мала НВО и се сомневала дали, со малку искуство, прашална независност и речиси никаква моќ да бара одговорност од Владата, може да осигура безбедност на некое лице кое е вратено согласно МЗР.
Б. Жалбени наводи кои се однесуваат на член 3 од UNCAT
147. Како што е наведено во параграф 127 погоре, член 3 од UNCAT забранува враќање [refoulement] кога има сериозни причини да се верува дека некој ќе биде подложен на тортура. Во Agiza v. Sweden (24 мај 2005, жалба бр. 233/2003, CAT/C/34/D/233/2003), жалителот бил осуден во отсуство од египетски суд во 1998 за терористичка активност. Во 2000 тој побарал азил во Шведска. Неговото барање биле одбиено и тој бил депортиран во Египет во декември 2001, каде тој тврдел дека бил мачен. Од одлуката на Комитетот произлегува дека, додека се одлучувало по барањето, функционери на шведската Влада се состанеле со претставници на египетската Влада во Каиро и добиле гаранција од висок функциониер дека со жалителот ќе се постапува во согласност со меѓународното право за такви случаи на враќање.
148. Оценувајќи ја неговата жалба по член 3 од UNCAT, Комитетот сметал дека шведските органи знаеле, или требале да знаат, дека има постојана и широко распространета употреба на тортура врз притвореници во Египет, особено на оние кои биле лишени од слобода од политички или безбедносни причини. Шведска исто таа знаела дека жалителот спаѓал во таа категорија и за интересот на странски разузнавачки служби за него. Шведски полициски службеници исто така прифатиле злоупотреба од страна на агенти на непрецизирана странска држава непосредно пред протерувањето на жалителот. Овие фактори значеле дека протерувањето од страна на Шведска било спротивно на член 3. Според Комитетот, „добивањето на дипломатски гаранции, кои, дотолку повеќе, не предвидувале механизам за нивно спроведување, не било доволно за заштита од овој очигледен ризик.“
149. Комитетот исто така заклучил дека Шведска ги прекршила своите процедурални обврски согласно истиот член да обезбеди ефикасна, независна и непристрасна контрола на одлуката за протерување затоа што била донесена од шведската Влада без нормалниот процес на обжалување во одлуки за азил. Шведска, со протерување на жалителот веднаш после таа одлука, исто така ги прекршила своите обврски од член 22 од UNCAT да го почитуваат ефикасното право на поединечна жалба до Комитетот.
150. Во Pelit v. Azerbaijan (29 мај 2007, жалба бр. 281/2005, CAT/C/38/D/281/2005), жалителката била екстрадирана од Азербејџан во Турција, и покрај времената мерка издадена од Комитетот во која било посочено Азербејџан да се воздржи од тоа додека Комитетот не одлучи по случајот. Се чини дека пред екстрадирањето, Азербејџан добил гаранции дека нема да дојде до злоупотреба од страна на Турција и презел некои мерки за мониторинг после екстрадиција. Комитетот заклучил дека бил прекршен член 3 затоа што Азербејџан не ги доставил гаранциите до Комитетот за Комитетот да направи своја независна проценка дали се тие задоволителни или не, ниту пак доволно прецизно го опишал мониторирањето и мерките кои биле преземени за да се осигура дека било објективнi, непристрасни и дека можело да му се верува во доволна мера.
В. Mohammed Alzery против Шведска
151. Во Mohammed Alzery v. Sweden (10 ноември 2006, жалба бр. 1416/2005, CCPR/C/88/D/1416/2005), Комитетот за човекови права на Организацијата на Обединетите нации одлучувал за депортацијата во Египет од страна на Шведска, после дипломатски гаранции кои биле добиени од егишетската Влада. Во однос на меритумот на случајот, Комитетот одлучил:
„11.3 ... Постоењето на дипломатски гаранции, нивната содржина и постоењето и имплементацијата на механизми за спроведување се фактички елементи кои се релевантни за севкупното одлучување дали, всушност, постои ризик од забранета злоупотреба.
...
11.5 Комитетот воочува дека добиените гаранции не содржат механизам за мониторирање на нивното спроведување. Ниту пак биле преземени други мерки вон текстот на самите гаранции кои би обезбедиле ефикасна имплементација. Посетаите од страна на Амбасадорот на државата договорничка и персонал почнале пет недели после враќањето, занемарувајќи период на максимална изложеност на ризик од повреда. Структурата на посетите до кои дошло, дотолку повеќе, во клучни аспекти не биле во согласност со меѓународни добри практики преку не инсистирање за пристап без надзор до притвореникот и вклучување на соодветна лекарска и форензичка експертиза, дури и откако се појавиле сериозни наводи за злоупотреба. Со оглед на овие фактори, државата договорничка не докажа дека добиените дипломатски гаранции всушност биле доволни за го елиминираат ризикот од злоупотреба до степен кој е во согласност со условите на член 7 од Пактот. Протерувањето на жалителот затоа довело до повреда на член 7 од Пактот.“
Г. Канадска судска пракса
1. Suresh
152. Во Suresh v. Canada (Minister of Citizenship and Immigration) [2002] 1 SCR 3, Врховниот суд на Канада едногласно заклучил дека канадското и меѓународното право не дозволувале депортација кога според доказите имало сериозен ризик од тортура. Судот не заклучил дека депортацијата во сите случаи ќе биде неуставна (и правата на еден бегалец можеле да се оценуваат во однос на заканата која тој/таа ја претставувал/а), но дека обичнно одлуката би била против протерување на бегалец во земја во која тој или таа бил изложен/а на ризик од тортура. Судот исто така го дал следниот коментар во врска со потпирање на дипломатски гаранции против тортура (параграфи 124-25):
„Може да се направи разлика помеѓу гаранции дадени од држава дека нема да примени смртна казна (преку правен процес) и гаранциите од држава дека нема да примени тортура (незаконски процес). Ние би ја посочилe тешкотијата во преголемо потпирање на гаранции дадени од држава дека ќе се воздржи од тортура во иднина кога вршела незаконска тортура или дозволила други да го прават тоа на нејзина територија во минатото. Оваа тешкотија станува акутна во случаи каде тортурата се врши не само со соучество туку преку немоќта на државата да го контролира однесувањето на своите службени лица. Оттука и потребата да се прави разлика помеѓу гаранции во однос на смртна кзна и гаранции во однос на тортура. Првите полесно се мониторираат и генерално се поверодостојни од вторите.
При оценување на гаранции од странска влада, Министерот исто така би требало да го земе предвид почитувањето на човековите права од страна на владата која ги дава гаранциите; податоците во врска со почитувањето на своите гаранции од страна на таа влада, и капацитетот на владата да ги исполни своите гаранции, особено, кога има сомневање околу способноста на владата да ги контролира своите безбедносни сили. “
2. Mahjoub
153. Во Mahjoub v. Canada (Minister of Citizenship and Immigration) (F.C.), 2006 FC 1503, во кој се работи за депортација во Египет, Сојузниот суд на Канада анализирал две прашања: дали Министерот треба да се потпира на докази добиени со тортура при оценување на ризикот кој поединецот го претставувал за националната безбедност и дали било соодветно да се потпре на гаранции од земја во која тортурата се врши систематски.
За првото прашање, откако ги анализирал релевантните канадски пресуди и A and others (no. 2) (види параграфи 136-37 погоре), заклучил дека било правно погрешно да се потпре на докази кои веројатно биле добиени со тортура; сепак, морало да има веродостојна доказна основа која ја поврзува тортурата со конкретните докази за кои станува збор за да се оправда нивно исклучување. Тестот на одмерување на веројатности употребен во Singh (види параграфи 139-40 погоре) не бил соодветен во случај поврзан со национална безбедност каде жалителот не ги имал видено доказите против него. Наместо тоа, кога жалителот даде задоволително објаснување за тоа зошто доказите веројатно биле добиени со тортура, носителите на одлуки треба тогаш да го разгледаат тоа прашање во светло на јавните и тајните информации. Ако носителите на одлуки заклучат дека има основани причини за сомневање дека доказите веројатно биле добиени со тортура, тие докази не треба да се користат при донесувањето на одлука.
За второто прашање, судот заклучил дека било сосема неразумно извршниот носител на одлуки да се потпре на гаранциите дадени од Египет против злоупотреба при заклучувањето дека немало сериозен ризик од тортура на Mahjoub. Судот кажал:
„Факторите наведени од Врховниот суд [во Suresh] предвидуваат „внимателна рамка за секоја анализа на веродостојноста на гаранциите дадени од страна на странска влада. На пример, ако стаува збор за влада во земја во која состојбата со човековите права е лоша, потребна ќе биде повнимателна оцена на податоците за тоа колку таа влада ги почитува гаранциите. Ако податоците покажуваат дека таа недоволно ги почитува гаранциите, може да е потребно да се наметнат дополнителни услови, како што се механизми за мониторирање или други заштитни механизми кои може да се силно препорачани од страна на меѓународни тела за човекови права. Спротивно на тоа, земја во која состојбата со човековите права е добра, често е веројатно дека има историја на исполнување на своите гаранции и затоа дополнителни услови може да се непотребни за да се зајакне потпирањето на гаранциите.“
Повикувајќи се на гаранциите, извршната власт пропуштила да ја земе предвид состојбата на човекоите права на египетската Влада како и историјата на почитување на дадени гаранции. Тоа било особено проблематично со оглед на обемни извештаи за човекови права за лошата состојба на човековите права во Египет. Двете дипломатски ноти кои содржеле гаранции не споменувале изречно механизми за мониторинг, и не содржеле конкретни обврски да не се злоупотребува Mahjoub. Ништо не сугерирало дека Канада побарала таков механизам за мониторинг од страна на Египет.
3. Lai Cheong Sing и Tsang Ming Na
154. Во Lai Cheong Sing и Tsang Ming Na v. Canada (Minister of Citizenship and Immigration), 2007 FC 361, било побарано враќањето на жалителите во Кина за да им биде судено за криумчарење и поткуп. Била дадена дипломатска нота во која Кина дала гаранции против изрекување на смртна казна затоа што Врховниот народен суд ќе гарантирал дека тоа ќе биде почитувано.
Во врска со ризикот од тортура, личноста која ја носела одлуката потврдила дека гаранциите биле сами по себе потврда дека има ризик од тортура во земјата на враќање но, било заклучено дека овие согледувања биле надминати поради тоа што жалителите биле експонирани личности, и што би ги заштитило. Судот заклучил дека таа погрешила во тоа. Прво, таа не одговорила на аргументот на жалителите дека гаранции не требало да се бараат кога тортурата е доволно систематска или широко распространета и, особено, таа пропуштила да процени дали било воопшто соодветно да се потпира на гаранции дадени од Кина. Второ, Судот заклучил дека една гаранција најмалку мора да исполнува неколку суштински критериуми за да се осигура дека е ефикасна и целесообразна. За разлика од смртната казна, тортурата се вршела зад затворени врати и била негираа од страна на државите во случаи во кои дошло до тортура. Дури и механизмите за мониторинг се покажале како проблематични, затоа што, на пример, луѓето кои биле изложени на тортура или друг облик на злоупотреба често биле премногу уплашени од одмазда за да зборуваат. Затоа носителката на одлуката погрешила пропуштајќи да утврди дали гаранциите ги исполнувале суштинските критериуми за да бидат целесообразни и веродостојни, и затоа што таа едноставно се повикала на фактот дека експонираноста на жалителите ќе ги зашттити. Овој заклучок бил очигледно неоснован. За да се открие тортура, потребно е да постојат некакви механизми за почитување и верификација (имено, ефикасен систем на мониторинг од страна на независни организации). Затоа, ноторноста не би им служела на жалителите ако тортурата се врши без никој никогаш да дознае за тоа.
Судот го отфрлил аргументот на жалителите дека неправично судење во Кина би довело до сурово и невообичаено постапување кога последицата била долга затворска казна. Судот заклучил дека доносителката на одлуката правилно заклучила дека судењето ќе биде правично, кога дотолку повеќе, немало докази дека аргументите против жалителите биле добиени со мачење на сведоци.
VII. МЕЃУНАРОДНО ПРАВО ЗА ОЦЕНА НА ПРИТВОР И ПРАВОТО НА ПРАВИЧНО СУДЕЊЕ
A. Оцена на притвор
155. Член 9 став 3 oд Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (ICCPR) предвидува, помеѓу другото, дека секој кој е уапсен или притворен врз основа на кривично обвинение ќе биде без одложување изведен пред судија или друго службено лице кое со закон е овластено да врши судска власт. Комитетот за човекови права, во неговиот Општ коментар бр. 8 (1982) во врска со член 9, посочил дека одложувања додека лицето не се изведе пред судија не треба да надминуваат неколку дена. Комитетот има најдено повреди на член 9, став 3 во однос на притвор од четири дена, седум дена и осум дена (во Freemantle v. Jamaica, жаба бр. 625/1995, CCPR/C/68/D/625/1995; Grant v. Jamaica, жалба бр. 597/1994, CCPR/C/56/D/597/1994; и Stephens v. Jamaica, жалба бр. 373/1989, CCPR/C/55/D/373/1989).
Во неговите Генерални препораки, Специјалниот известувач за тортура на Организацијата на Обединетите нации има кажано дека максималното време во притвор без судски налог треба да биде четиресет и осум часа (извештај од 17 декември 2002, E/CN.4/2003/68, параграф 26 (е)).
Во Kulomin v. Hungary (жалба бр. 521/1992, CCPR/C/50/D/521/1992), Комитетот за човекови права заклучил дека надлежен орган за оцена на притвор не можел да биде јавниот обвинител кој е одговорен за истрага на случајот на осомничениот, затоа што тој обвинител не ја имал потребната објективност и непристрасност.
Б. Пристап до адвокат
156. Покрај материјалите наведени во Salduz v. Turkey [GC], no. 36391/02, §§ 37-44, ECHR 2008, жалителот ги достави следните материјали.
Член 14, став 3 (б) oд ICCPR предвидува дека секој кој е обвинет за кривично дело има право „да има доволно време и услови за подготовка на неговата одбрана и да комуницира со адвокат по негов избор“. Комитетот за човекови права, во неговиот Генерален коментар бр. 20 (1992) во врска со член 14, има кажано дека заштитата на притвореникот налага да му биде даден брз и редовен пристап до адвокати. Пропуштањето во текот на пет дена да се обезбеди пристап до адвокат било утврдено дека го прекршило член 14 во Gridin v. Russia (жалба бр. 770/1997, CCPR/C/69/D/770/1997).
Покрај неговиот Генерален коментар бр. 2 (цитиран во Salduz, параграф 43), Комитетот против тортура го нагласил правото на уапсените лица да информираат некого за нивното лишување од слобода, да имаат брз пристап до адвокат и да бидат прегледани од независен лекар како основни заштитни механизми против тортура, особено во првите часови и денови на лишување од слобода кога ризикот од тортура е најголем (види ги заклучоците и препораките во однос на Албанија 21 јуни 2005, CAT/C/CR/34/ALB, во параграф 8 (з), и за Франција од 3 април 2006, CAT/C/FRA/CO/3, во параграф 16).
Специјалниот известувач за тортура кажал дека пристап до адвокат треба да биде овозможен во рок од дваесет и четири часа (извештај од 3 јули 2001, A/56/156, параграф 39 (ѓ)).
В. Воени судови
157. Жалителот ги достави следните материјали од меѓународно право, кои биле изработени после Ergin v. Turkey (no. 6), no. 47533/99, ECHR 2006-VI.
158. Во Генералниот коментар бр. 32 oд август 2007 (CCPR/C/GC/32) за член 14 од ICCPR (право на правично судење), Комитетот за човекови права кажал:
„Иако Пактот не забранува судење на цивили од страна на воени или специјални судови, тој наложува таквите процеси да бидат целосно во согласност ос условите на член 14 и дека неговите гаранции не можат да бидат ограничени или изменети заради воениот или специјалниот карактер на судот за кој стамува збор. Комитетот исто така воочува дека судењето на цивили од страна на воени или специјални судови може да предизвика сериозни проблеми кога е во прашање правично, непристрасно и независно судење. Затоа, важно е да се преземат сите потребни мерки за да се гарантира дека таквите судења се одржуваат под услови кои навистина ги овозможуваат сите гаранции предвидени со член 14. Судењата на цивили пред воени или специјални судови треба да бидат исклучок, т.е. ограничени на случаи во кои државата договорничка може да докаже дека водењето на такви судења е неопходно и оправдано со објективни и сериозни причини и во кои со оглед на конкретните групи на поединци и кривични дела за кои станува збор, обичните цивилни судови не можат да ги преземат судењата [фуснотите се изоставени]“
159. Во Madani v. Algeria (21 June 2007, жалба бр. 1172/2003, CCPR/C/89/D/1172/2003), Комитетот заклучил дека судењето и осудувањето на жалителот од страна на воен суд било спротивно на член 14. Тоа не било избегнато со фактот што воените судови имале независен систем на кариера, биле предмет на надзор на Врховниот судски совет или што против пресудите на тој суд можело да се изјави жалба до Врховниот суд. Комитетот одлучил дека Алжир не успеал да покаже зошто било неопходно судење пред воен суд во случајот на Madani: тежината или карактерот на кривичните дела не биле доволни. Овој заклучок значел дека Комитетот не морал да испита дали воениот суд, фактички, ги овозможувал сите гаранции на член 14.
ПРАВО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
160. Повикувајќи се на член 3 од Конвенцијата, жалителот се жалеше дека тој ќе биде изложен на вистински ризик да биде подложен на тортура или злоупотреба ако биде депортиран во Јордан. Член 3 предвидува:
„Никој нема да биде подложен на тортура или нечовечко или понижувачко постапување или казнување.“
A. Аргументи на странките
1. Владата
161. Владата изјави дека материјалите кои се однесуваат на дипоматски гаранции кои жалителот и третите страни ги имале доставено (види параграфи 141-46 погоре) зборувале за тоа каква треба да биде праксата на судовите, а не за воспоставените критериуми на Конвенцијата. Пристапот на Судот досега бил наоѓање дека гаранциите сами по себе не биле доволни да спречат злоупотреба: сепак, Судот исто така разгледувал дали таквите гаранции со нивната практична примена обезбедувале доволни гаранции против злоупотреба (види Babar Ahmad and Others v. the United Kingdom (dec.), nos. 24027 /07, 11949/08 and 36742/08, § 106, 6 July 2010). Понатаму, спротивно на аргументите на жалителот (види параграф 108 погоре), немало принцип во судската пракса на Судот дека кога има вистински ризик од злоупотреба заради систематско вршене на тортура во земјата која го бара лицето, гаранциите не можеле да го елиминираат тој ризик.
162. САКИ го следела пристапот на Судот во однос на гаранции. Таа добила најразлични докази, и во однос на значењето и во однос на веројатниот ефект на гаранциите и за моменталната ситуација во Јордан. Таа ги анализирала тие докази многу внимателно при своето одлучување. Сите фактори на кои се повикала при донесување на своите заклучоци и натаму важеле најмалку исто толку колку во времето на одлучување. Нејзините заклучоци не можеле да бидат изменети поради критичките извештаи објавени после одлучувањето, тие извештаи биле од генерална природа. Ако ништо друго, доказите покажувале дека дека ситуацијата со човековите права се подобрувала и сигурно не била влошена после одлуката на САКИ.
163. Владата изјави дека САКИ одлучила дека гаранциите кои биле дадени од Јордан во овој случај би биле доволни затоа што (i) Јордан бил подготвен да ги исполни своите ветувања (ii) жалителот би бил заштитен поради неговата лична важност; и (iii) ќе имало мониторирање од страна на Центарот Адалех.
164. Во однос на првиот фактор, Владата повтори дека гаранциите содржани во МЗР биле дадени во добра вера и одобрени од највисоките ешалони на јорданската Влада. Тие имале за цел да ги одразат меѓународните стандарди. Тие не биле недоволно јасни, особено кога МЗР се толкувал во неговиот дипломатски и политички контекст. Правилното толкување на текстот на МЗР покажува дека жалителот треба без одложување да биде изведен пред судија или друг судски службеник (согласно јорданскиот закон тука спаѓа Јавниот обвинител) и тој да има пристап до независно правно и лекарско мислење. Да се критикува МЗР затоа што не бил правно обврзувачки (како што тоа го сторил жалителот) значело да се покаже немање на разбирање за тоа како МЗР дејствувале во пракса помеѓу државите, меморандумите биле воспоставено и многу користено средство во меѓународните односи. Имало, како што САКИ заклучила, добри причини поради кои Јордан ќе го исполни овој конкретен МЗР. Било во интерес на двете влади гаранциите да бидат почитувани: како што заклучила САКИ позицијата на Јордан во Блискиот Исток и неговиот однос со Обединетото Кралство не можеле тоа да го променат. САКИ одлучил дека и покрај спротивните аргументи на жалителот, било во интерес на двете влади да се истражат сите наводни повреди на МЗР. Во овој случај, било исто така прилично важно што СОР, која би го притворила жалителот по неговото враќање, се „согласила“ со МЗР, била вклучена во преговарањето на МЗР, ги прифатила неговите одредби во однос на мониторинг и била запозната со последиците од прекршување на гаранциите. Владата понатаму се повикала на наодите на САКИ по жалбата на VV (види параграф 77 погоре) со кои се ажурирала и потврдувала одлуката на САКИ во овој случај. Во VV, САКИ го прифатила сведочењето на г-н Layden дека билатералниот однос помеѓу Обединетото Кралство и Јордан врз кој МЗР бил заснован, бил близок однос.
165. Во однос на вториот фактор, Владата потсети дека САКИ одлучила дека жалителот бил добро позната фигура во арапскиот свет и дека без оглед на МЗР, неговото враќање и постапување после враќањето би биле прашање од силен локален и меѓународен интерес и под таква контрола. Јорданското граѓанско општество, вклучувајќи ги јорданските парламентарци, би го следеле случајот на жалителот со интерес. Било каква злоупотреба би предизвикала значителна реакција и би ја дестабилизирала јорданската Влада. Како што заклучила САКИ, лицата одговорни за неговиот притвор би биле свесни за овие фактори.
166. Во однос на третиот, Владата нагласи дека, иако САКИ изјавила критики за капацитетот на Центарот Адалех, таа во никој случај не го занемарила ефектот на мониторингот, всушност, таа заклучила дека мониторингот ќе има позитивен ефект во намалување на ризикот од злоупотреба. Понатаму, после одлуката на САКИ, имало значително зголемување на стручноста на Адалех. Како што изјавите на г-н Layden посочиле, центарот добил значителни финансиски средства од Европската комисија, почнал да врши мониторирање преку своја помошна организација, Националниот центар за борба со тортура (НЦБТ), стекнал практично искуство во посетување на притвореници, вклучително и тие кои биле држени од страна на СОР, стекнал искуство во работење со други НВО, значително го зголемил бројот на вработени, вклучувајќи медицински специјалисти, и ја покажал својата независност од СОР со објавување на студија за тортурата. Спротивно на сугестиите на жалителот, центарот го задржал својот статус на непрофитна организација (и својата независност) и покрај критиките кои ги добил од други НВО заради потпишувањето на договорот за опис на должности. Владата исто така изјави дека критиките на жалителот во однос на Адалех биле, во секој случај, несоодветни затоа што фактичкото мониторирање би го вршела организацијата НЦБТ. Владата исто така изјави дека какви и да биле генералните проблеми со мониторирање на човекови права во Јордан, МЗР и описот на должности му обезбедувале на Адалех јасен и детален мендат и на сите страни им било јасно како ќе се одвиваат посетите за мониторинг. Ако Адалех се соочел со било какви проблеми, тој можел ја извести Амбасадата на Обединетото Кралство во Аман. Владата исто така нагласи дека ... мониторингот ќе продолжи сѐ додека жалителот е во притвор.
167. Од тие причини, Владата изјави дека имало значителни разлики помеѓу гаранциите за кои Судот претходно одлучувал и гаранциите кои ги дал Јордан. Тие гаранции, кога ќе се земеле заедно со одредбите за мониторинг, биле доволни за да се гарантира дека не би дошло до повреда [на Конвенцијата] ако жалителот биде депортиран во Јордан.
2. Жалителот
168. Жалителот изјави дека од правна гледна точка, морало да се земат предвид критиките на меѓународната заедница во однос на гаранциите. Меѓународниот консензус бил дека гаранциите ја поткопувале воспоставената меѓународна правна машинерија за забрана на тортура и ако една земја не била подготвена да ги почитува своите меѓународни обврски, тогаш не било веројатно дека таа ќе почитува билатерални гаранции. Меѓународното искуство исто така покажувало дека докажувњето на исполнување на гаранциите било познато дека е тешко. Жалителот исто така изјави дека, согласно пристапот на Врховниот суд на Канада во Suresh (види параграф 152 погоре), исто така било соодветно да се прави разлика помеѓу гаранции дека државата нема нема да направи нешто што е законито (како што е да изврши смртна казна) и гаранциите дека нема да направи нешто што е незаконито (како што е да изврши тортура). Понатаму, судската пракса на Судот, особемо Shamayev and Others v. Georgia and Russia, no. 36378/02, ECHR 2005-III, и Ismoilov and Others, цитиран погоре, покажувала дека, штом се покажело дека има конкретен ризик за некој поединец, гаранциите не биле доволни, особено кога исто така се покажело дека тортурата е систематска во земјата која бара предавање на лицето. Тој изјави, затоа, дека гаранциите ќе биле доволни кога (i) претходен системски проблем на тортура бил ставен под контрола и (ii) иако изолирани, несистематски акти и понатаму постоеле, постои независен мониторинг од страна на тело кое има докажана ефикасност, и има кривични санкции против прекршителите. Овие критериуми не биле исполнети во овој случај.
169. Жалителот се повика на докази наведени во параграфите 106-24 погоре, кои, тој изјави, покажувале дека јорданските затвори биле надвор од владеењето на правото. Тортурата била од ендемски размери, особено во затворите на СОР а затворениците исламисти, биле често тепани. Имало системско пропуштање да се спроведат брзи и ефикасни истраги за наводи на тортура. Овие докази сега биле уште поубедливи отколку во моментот кога САКИ одлучувала. Понатаму, културата на неказнивост која преовладувала во СОР ја правела неспособна да ги почитува гаранциите, дури и ако нејзиното раководство го сакало тоа. Не можело да му се верува на Јордан дека ќе ги исполни своите меѓународни обврски во однос на човекови права. Јордан одбил да се подложи на било кој облик на спроведување на тие обврски, на пример, одбил да го ратификува член 22 од UNCAT (правото на поднесување индивидуална жалба до Комитетот против тортура) и Опционалниот протокол на UNCAT (со кој се воспоставува Поткомитетот за превенција на тортура и со кој му се дава, меѓу другото, право да посетува установи за лишување од слобода).
170. Гаранциите кои јорданската Влада ги дала во овој случај исто така морале да се анализираат во нивниот соодветен политички контекст. Иако стратешки важен, Јордан бил нестабилен, се потпирал на американска поддршка, бил склон кон немири и бил ранлив на исламизам. Затоа, иако не спореше дела надворешните односи помеѓу Јордан и Обединетото Кралство биле блиски, жалителот сметаше дека останатите фактори значеле дека билатералниот однос помеѓу двете држави бил недоволен за да се гарантира почитување на МЗР.
171. Со голед на тоа што беше досега наведено, неговата експонираност не би го заштитила туку би го изложила на поголем ризик; всушност, токму неговата експонираност и го наложувала склучувањето на МЗР. Тој бил претходно мачен затоа што јавно ја критикувал надворешната политика на Јордан. Барањето на Јордан за екстрадиција било повлечено затоа што неговото присуство се сметало за непожелно. Таа проценка можела само да се потврди со заклучоците на САКИ во врска со заканата која тој ја претставувал за националната безбедност на Обединетото Кралство. Понатаму, Jamil el Banna, Bishar al Rawi и Binyam Mohamed, кои биле притворени од властите на САД во Гвантанамо и на други места, имале изјавено дека биле до детали испитувани за нивната врска со него. Ако би бил депортиран, тој би се сметал за значителна закана за земјата и Блискиот Исток. Во таква нестабилна околина, калкулациите на јорданската Влада во однос на тоа дали да го почитува МЗР можеле да се променат. Овие фактори, кога ќе се земеле заедно со културата на неказнивост на СОР, значеле дека неговата експонираност би дејствувала, не како извор на заштита, туку како магнет за злоупотреба. Понатаму, не било рационално САКИ да најде дека Јордан би ги почитувал гаранциите затоа што навод за злоупотреба – без разлика дали вистинит или не – можел да биде исто толку дестабизирачки како доказ дека наводот бил точен. Врз основа на тој наод, не би имало причина јорданските власти да не го злоупотребуваат жалителот, затоа што тој секогаш можел да даде лажен навод.
172. Исто така имало повеќе недостатоци во МЗР. Не било јасно што се мислело под „судија“ во однос на гаранцијата дека тој би бил „изведен пред судија без одложување“; тоа можело само да значи дека тој ќе биде изведен пред обвинител или административен судија. Исто така не било јасно дали тој би имал пристап до адвокат во текот на периодот на испитување во притвор. Исто така не било јасно дали МЗР забранувал предавање на друга земја, што било поверојатно со оглед на интересот кој Соединетите Американски Држави го имале за него и доказите за учество на Јордан во претходни предавања. На крај, не било јасно дали, согласно јорданскиот закон, гаранциите во МЗР биле законити и извршни ако не биле одобрени од страна на јорданскиот Парламент. Тој достави изјава во таа насока од претседателот на друга НВО од Јордан, Арапската организација за човекови права, која одбила да ја преземе задачата на тело за мониторинг токму од таа причина.
173. Во однос на мониторингот на гаранциите, тој ги прифати ставовите на третите страни дека немало независен мониторинг во Јордан, фактор кој, тој изјави, морало да се земе предвид при оцена на способностите на Адалех. За самиот Адалех, очигледната карактеристика на доказите пред Судот била дека дури и во времето кое поминало од одлуката на САКИ, центарот бил сѐ уште без било какво практично искуство во мониторирање на човекови права и наместо тоа бил најмногу фокусиран на обука и работа на застапување. Понатаму, иако Адалеx подготвил еден извештаj за борба со тортура во 2008, важно било дека во извештајот немало директно критикување на СОР.
174. Покрај ограничувањата на самиот Центар Адалех, природата на мониторингот предвиден со описот на должности била исто така ограничена. Во согласност со тој опис на должности, Јордан можел да ограничи пристап на една посета секои две недели. Покрај тоа, не биле предвидени независни лекарски прегледи, Адалех не би имал непречен пристап во целата установа во која жалителот би бил притворен, затоа што тој би имал право само на приватна посета со него, немало механизам за Адалех да испита навод за злоупотреба, ниту жалителот ниту неговите адвокати не би имале пристап до извештаите на Адалех до владите на Јодан и Обединетото Кралство, и се чинело дека мониторингот ќе биде ограничен на три години. Сите овие фактори значеле дека мониторингот од страна на Адалех не ги исполнувал меѓународните стандарди, како оние наведени во Опционалниот протокол кон UNCAT. Понатаму, дури и ако се претпоставело дека Адалех може да побара влез во местото на притвор на жалителот, за да избегнат мониторинг, органите можеле едноставно да му кажат на центарот дека жалителот не сака да ги види луѓето од центарот.
3. Вмешувачи
175. Третите страни вмешувачи (види параграф 5 погоре) изјавија дека употребата на дипломатски гаранции била прашање за голема загриженост.Таквите билатерални, правно неизвршни дипломатски договори ја поткопувале јус когенс природата на апсолутната забрана на тортурата и на обврската за невраќање. Тие исто така го поткопувале обврзувачкиот, мултилатерален, меѓународен правен систем согласно кој државите биле врзани за тие обврски. Исто така гаранциите биле нашироко осудени како погрешни во принцип и неефикасни во пракса од страна на меѓународни експерти како што се Високиот комесар за човекови права на Организацијата на Обединетите нации, Комитетот за спречување на тортура на Советот на Европа, како и Заеддничкиот комитет за човекови права на Обединетото Кралство (види параграфи 141-45 погоре).
176. Попрактично кажано, имало четири важни слабости кај гаранциите. Прво, со нив не можело да се открие злоупотреба. Тортурата се вршела тајно а софистицираните техники на тортура биле тешки за откривање, особено со оглед на неволноста на жртвите да зборуваат отворено со набљудувачите поради страв од одмазда.
177. Второ, режимите на мониторирање предвидени со гаранциите биле незадоволителни. На пример, тие биле спротивни на праксата на Меѓународниот комитет на Црвениот крст никогаш да не се посетува еден притвореник за да се избегне недоброволна идентификација на тие кои се жалат на злоупотреба. Третите страни исто така воочија дека Специјалниот известувач на Организацијата на Обединетите нации исто така ја отфрлил сугестијата дека посетата на само еден затвореник може да биде ефикасен заштитен механизам. Исто така требало да се воочи дека Комитетот за спречување на тортура одбил да мониторира почитување на гаранции.
178. Tрето, локалните набљудувачи често ја немале потребната независност. Тие немале овластување да добијат пристап до места на притвор, да поднесат жалби или да вршат притисок над органите за да престанат со злоупотреби. И самите тие биле подложени на вознемирување и заплашување.
179. Четврто, во гаранциите исто така немало поттик за откривање на прекршување затоа што ниту една од засегнатите влади не би сакала да признае дека прекршила меѓународни обврски и во случајот со владата која го враќа лицето, да загрози идни депортации засновани на национална безбедност. Како неизвршни ветувања дадени од една држава на друга, гаранциите можеле да бидат прекршени без сериозни последици.
180. Tретите страни исто така изјавија дека нивните извештаи (резимирани во параграфите 112-18 погоре) ја регистрирале долготрајната пракса на Јордан на тортура и злоупотреба на лица осомничени за тероризам и загрозување на националната безбедност. Според нив, извештаите покажувале дека СОР континуирано ги блокирала напорите да се спроведе мониторинг. На пример, во 2003 Меѓународниот комитет на Црвениот крст бил принуден да ги прекине посетите поради повреди на процедурата за вршење на посети од страна на СОР; Специјалниот известувач на Организацијата на Обединетите нации бил спречен во водењето на интервјуа без надзор. СОР продолжила да ги негира сите наводи на злоупотреба. Обештетувањето на домашно ниво било непостоечко, а кривичните санкции неадекватни. На малкумината службеници кои биле осудени за тортура им биле изречени благи санкции.
181. Според ставот на третите страни, којшто бил заснован на интервјуа помеѓу Human Rights Watch и раководителот на Адалех, центарот бил непрофитна организација којашто не извршила ниту една инспекција. Центарот исто така не изразил забелешки ниту приватно ниту јавно за злоупотребата во установите за лишување од слобода во Јордан.
Б. Допуштеност
182. Судот воочува дека овој жалбен навод не е очигледно неоснован во смисла на член 35, став 3 од Конвенцијата. Исто така воочува дека наводот не е недопуштен по било кој друг основ. Затоа тој мора да се прогласи за допуштен.
В. Основаност
1. Општи принципи
183. Прво, Судот сака да нагласи дека, во текот на своето постоење, тој бил доволно свесен за тешкотиите со кои државите се соочувале во заштитувањето на нивниот народ од терористичко насилство, кое претставува, само по себе, сериозна закана за човековите права (види, помеѓу другото, Lawless v. Ireland (no. 3), 1 July 1961, §§ 28-30, Series A no. 3; Ireland v. the United Kingdom, 18 January 1978, Series A no. 25; Öcalan v. Turkey [GC], no. 46221/99, § 179, ECHR 2005‑IV; Chahal, cited above, § 79; A. and Others v. the United Kingdom [GC], no. 3455/05, § 126, 19 February 2009; и A. v. the Netherlands, no. 4900/06, § 143, 20 July 2010). Соочени со таквата закана, Судот смета дека е легитимно државите договорнички да заземат цврста позиција против оние кои придонесуваат кон терористички акти, и кои не може да ги одобри во никои околности (види Boutagni v. France, no. 42360/08, § 45, 18 November 2010, и Daoudi v. France, no. 19576/08, § 65, 3 December 2009).
184. Второ, како дел од борбата против тероризмот, на државите мора да им биде дозволено да депортираат лица кои не се нивни државјани а за кои сметаат дека се закана за националната безбедност. Не е дел од функцијата на Судот да оценува дали некое лице е навистина таква закана, неговата единствена задача е да одлучи дали депортацијата на тоа лице би била спојлива со неговите или нејзините права согласно Конвенцијата (види исто така, Ismoilov and Others, цитиран погоре, параграф 126).
185. Tрето, јасно е утврдено дека протерувањето од страна на држава договорничка може да доведе до проблем согласно член 3, и оттука да дојде и до одговорност на државата согласно Конвенцијата, кога биле покажани сериозни причини за да се верува дека конкретното лице, ако биде депортирано, ќе се соочи со вистински ризик да биде подложено на постапување спротивно на член 3. Во таков случај, член 3 подразбира обврска тоа лице да не се депортира во таа земја. Член 3 е апсолутен и не е возможно да се мери ризикот од злоупотреба со причините кои се дадени за депортацијата (види Saadi v. Italy [GC], no. 37201/06, §§ 125 and 138, ECHR 2008).
186. Четврто, Судот прифаќа дека, како што покажуваат материјалите доставени од жалителот и третите страни, постои широко распространета загриженост кај меѓународната заедница, во врска со праксата на барање на гаранции за да се дозволи депортација на лица кои се сметаат за закана за националната безбедност (види параграфи 141-45 погоре, и Ismoilov and Others, цитиран погоре, параграфи 96-100). Сепак, не е на овој Суд да одлучува за тоа дали е соодветно да се бараат гаранции или да ги оценува последиците на долг рок од нивно барање, негова единствена задача е да утврди дали гаранциите кои биле добиени во конкретен случај се доволни за да се отстрани вистински ризик од злоупотреба. Затоа е пригодно да се наведе пристапот кој Судот го има заземено во однос на гаранции во случаи на депортација по член 3, пред да се осврне на фактите во случајот на жалителот,
187. При секое оценување дали еден жалител се соочува со вистински ризик од злоупотреба во земјата која ја бара неговата депортација, Судот ќе ја разгледа и генералната состојба на човековите права во таа земја и посебните карактеристики на жалителот. Во случај во кој биле дадени гаранции од земјата во која тој треба да биде вратен, тие гаранции претставуваат уште еден релевантен фактор кој Судот ќе го разгледа. Сепак, гаранциите сами по себе не се доволни за да осигураат соодветна заштита од ризик од злоупотреба. Постои обврска да се испита дали гаранциите обезбедуваат, во нивната практична примена, доволна гаранција дека жалителот ќе биде заштитен од злоупотреба. Тежината која ќе им се даде на гаранциите дадени од државата која бара депортација зависи, во секој случај, од околностите кои преовладуваат во релеваниот период (види Saadi, цитиран погоре, параграф 148).
188. При оценувањето на практичната примена на гаранциите и утврдувањето каква тежина да им се даде, прелиминарното прашање е дали општата состојба на човековите права во државата која бара депортација исклучува прифаќање на било какви гаранции. Сепак, само во ретки случаи општата ситуација во една земја ќе значи дека не може да се даде никаква тежина на гаранциите (види, на пример, Gaforov v. Russia, no. 25404/09, § 138, 21 October 2010; Sultanov v. Russia, no. 15303/09, § 73, 4 November 2010; Yuldashev v. Russia, no. 1248/09, § 85, 8 July 2010; и Ismoilov and Others, цитиран погоре, параграф 127).
189. Почесто, Судот ќе го оцени, прво, квалитетот на дадените гаранции, и второ, дали со оглед на практиките на државата која бара депортација, е можно потпирање на тие гаранции. При тоа, Судот ќе ги земе предвид, помеѓу другото, следните фактори:
(i) дали текстот на гаранциите му бил откриен на Судот (види Ryabikin v. Russia, no. 8320/04, § 119, 19 June 2008; Muminov v. Russia, no. 42502/06, § 97, 11 December 2008; види ја исто така одлуката на Комитетот против тортура на Организацијата на Обединетите нации во Pelit (види параграф 150 погоре));
(ii) дали гаранциите се конкретни или општи и нејасни (види Saadi, цитиран погоре Klein v. Russia, no. 24268/08, § 55, 1 April 2010; и Khaydarov v. Russia, no. 21055/09, § 111, 20 May 2010);
(iii) кој ги дал гаранциите и дали тоа лице може да ја обврзе државата која ја бара депортација (види Shamayev and Others v. Georgia and Russia, no. 36378/02, § 344, ECHR 2005‑III; Kordian v. Turkey (dec.), no. 6575/06, 4 July 2006; и Salem v. Portugal (dec.), no. 26844/04, 9 May 2006: cпореди со Ben Khemais v. Italy, no. 246/07, § 59, 24 February 2009; Garayev v. Azerbaijan, no. 53688/08, § 74, 10 June 2010; Baysakov and Others v. Ukraine, no. 54131/08, § 51, 18 February 2010; и Soldatenko v. Ukraine, no. 2440/07, § 73, 23 October 2008);
(iv) ако гаранциите биле дадени од централната влада на државата која бара депортација, дали може да се очекува дека локалните органи ќе ги почитуваат гаранциите (види Chahal, цитиран погоре, параграф и 105-07);
(v) дали гаранциите се однесуваат на постапување кое е законито или незаконито во државата која бара депортација (види Cipriani v. Italy (dec.), no. 221142/07, 30 March 2010; Saoudi v. Spain (dec.), no. 22871/06, 18 September 2006; Ismaili v. Germany (dec.), no. 58128/00, 15 March 2001; Nivette v. France (dec.), no. 44190/98, ECHR 2001-VII; и Einhorn v. France (dec.), no. 71555/01, ECHR 2001-XI; види ги исто така одлуките на Врховниот суд и Сојузниот суд во Канада, соодветно во Suresh и Lai Cheong Sing and Tsang Ming Na (види параграфи 152 и 154 погоре);
(vi) дали тие биле дадени од држава договорна страна на Конвенцијата (види Chentiev and Ibragimov v. Slovakia (dec.), nos. 21022/08 and 51946/08, 14 September 2010, и Gasayev v. Spain (dec.), no. 48514/06, 17 February 2009);
(vii) колку трааат и колку се силни билатералните односи помеѓу државата која треба да депортира некое лице и државата која бара депортација, вклучувајќи ја историјата на државата која бара депортација на исполнување на гаранции (види Babar Ahmad and Others, цитиран погоре, параграфи 107-08, и Al‑Moayad v. Germany (dec.), no. 35865/03, § 68, 20 February 2007);
(viii) дали исполнувањето на гаранциите може да биде објективно верификувано преку дипломатски или други механизми за мониторин, вклучително преку обезбедување на непречен пристап до адвокатите на жалителот (види Chentiev and Ibragimov и Gasayev, цитирани погоре; спореди до Ben Khemais, параграф 61 и Ryabikin, параграф 119, и двете пресуди се цитиран погоре и Kolesnik v. Russia, no. 26876/08, § 73, 17 June 2010; види ги исто така одлуките на Комитетот против тортура на Организацијата на Обединетите нации во Agiza и Pelit (види параграфи 147-50 погоре) и одлуката на Комитетот за човекови права во Mohammed Alzery (види параграф 151 погоре);
(ix) дали има ефикасен систем на заштита од тортура во државата која бара депортација, вклучително дали таа е подготвена да соработува со меѓународните механизми за мониторинг (вклучително и меѓународни НВО за човекови права) и дали е подготвена да истражува наводи за тортура и да ги казни оние кои се одговорни (види Ben Khemais, параграфи 59-60, цитиран погоре; Soldatenko, § параграф 73, цитиран погоре и Koktysh v. Ukraine, no. 43707/07, § 63, 10 December 2009);
(x) дали жалителот бил претходно злоупотребуван во државата која бара депортација (види Koktysh, параграф 64, цитиран погоре); и
(xi) дали веродостојноста на гаранциите била испитана од страна на домашните судови на државата која треба да го депортира лицето/ државата договорничка (види Gasayev; Babar Ahmad and Others, параграф 106; и Al-Moayad, параграфи 66-69, сите цитиран погоре).
2. Случајот на жалителот
190. Применувајќи ги тие фактори во овој случај, Судот сака да каже дека ги разгледа само доказите кои не биле тајни пред САКИ; дополнителните докази кои бие поднесени до Судот ... , и јавно достапните извештаи за човекови права за состојбата на човековите права во Јордан. Судот не ги прими дополнителните тајни докази кои биле изведени пред САКИ, ниту пак од него беше побарано да ги разгледа тие докази. Исто така, затоа што не ја разгледуваше тајната пресуда на САКИ, не е релевантен за оцената на самиот Суд, ex nunc, за тоа дали би имало повреда на член 3, фактот што САКИ при донесувањето на нејзиниот заклучок во врска со член 3 разгледала дополнителни, тајни докази кои не биле заведени во нејзината јавна одлука.
191. Свртувајќи се затоа на доказите кои се пред него, Судот најпрво воочува дека сликата која ја даваат извештаите на телата на Организацијата на Обединетите нации и НВО во врска со тортура во јорданските затвори е исто толку постојана колку што е и вознемирувачка. Каков прогрес и да постигнал Јордан, тортурата останува, според зборовите на Комитетот против тортура на Организацијата на Обединетите нации: „широко распространета и рутинска“ (види параграф 107 погоре). Заклучоците на Комитетот се потврдени со други извештаи резимирани во параграфите 106-24 погоре, кои покажуваат без никакво сомневање дека тортурата се врши систематски од страна на Службата за општо разузнавање, особено врз притворениците исламисти. Исто така СОР ја врши тортурата неказнето. Културата на неказнивост според Судот, не е за изненадување: доказите покажуваат дека јорданскиот казнено-правен систем нема многу од стандардните, меѓународно признати заштитни механизми за спречување на тортура и казнување на извршителите. Како што Комитетот за човекови права на Организацијата на Обединетите нации воочи во неговите завршни забелешки: има отсуство на вистински независен механизам за жалби, мал број на обвиненија, и оневозможување на брз пристап до адвокати и независни лекарски прегледи (види параграф 108 погоре). Заклучоците на Комитетот против тортура на Организацијата на Обединетите нации (кои се потврдени со извептаите на Amnesty International, Human Rights Watch и јорданскиот Национален центар за човекови права) покажуваат дека овие проблеми се влошуваат поради големите овластувања на СОР над притворениците и дека, во случаи пред Државниот суд за безбедност, блискоста на Јавниот обвинител до СОР значи дека обвинителот не обезбедува била каква ефикасна контрола над СОР (види параграфи 107, 112-13, 116 и 119-22 погоре). На ккрај, Специјалниот известувач на Организацијата на Обединетите нации, Amnesty International и јорданскиот Национален центар за човекови права потврдуваат, дека има отсуство на соработка на СОР со еминентни национални и меѓународни монитори (види параграфи 109 и 121 погоре).
192. Како резултат на овие докази, не е изненадувачки што странките се согласуваат дека, без гаранциите од јорданската Влада, ќе има вистински ризик од злоупотреба на жалителот во овој случај, ако тој биде вратен во Јордан. Судот се согласува. Јасно е дека како експониран исламист, жалителот е дел од категорија на лица кои се често злоупотребувани во Јордан. Исто така во некоја мерка е релевантно што тој тврди дека претходно бил мачен во Јордан (види го барањето за азил во параграф 7 погоре). Сепак, во согласност со општиот пристап кој Судот го наведе во параграфите 187-89 погоре, Судот мора исто така да испита дали гаранциите содржани во МЗР, придружени со мониторинг од страна на Адалех, отстрануваат секаков ризик од злоупотреба на жалителот.
193. При анализирањето на ова прашање, Судот забележува дека жалителот истакна повеќе генерални и конкретни забелешки во однос на тоа дали гаранциите дадени од Јордан се доволни да отстранат секаков ризик за негова злоупотреба. На генерални ниво, тој тврди дека, ако на Јордан не може да му се верува дека ќе ги исполнува своите правно обврзувачки, мултилатерални меѓународни обврски да не врши тортура, не може да му се верува дека ќе исполни необврзувачки билатерални гаранции дека нема да врши тортура. Тој исто така тврдеше дека на гаранциите никогаш не треба да се потпира кога има систематски проблем со тортура и злоупотреба и исто така тврди дека дури и кога има докази за изолирани, несистематски акти на тортура, на гаранциите треба да се потпре само кога тие се поддржани со независно мониторирање од страна на тело кое ја има доволно докажано својата ефикасност во пракса. Судот не смета дека овие генерални тврдења се поддржани со неговата судска пракса во однос на гаранции. Како што посочуваат општите принципи наведени во параграфите 187-89 погоре, Судот никогаш нема поставено апсолутно правило дека не може да се верува дека држава која не исполнува мултиталерални обврски ќе почитува билатерални гаранции: степенот во кој државата не ги исполнила своите мулитлатерани обврски, е најмногу, само фактор при одлучувањето дали нејзините билатерални гаранции се доволни. Исто така, нема забрана за барање на гаранции кога има систематски проблем со тортура и злоупотреба во државата која бара депортација, затоа што, како што воочил Лордот Phillips (види параграф 57 погоре), би било парадоксално аки самиот факт дека мора да се бараат гаранции значи дека не е можно потпирање на тие гаранции.
194. Понатаму, Судот не смета дека опшата состојба на човековите права во Јордан исклучува прифаќање на било какви гаранции од страна на јорданската Влада. Всушност, Судот смета дека владите на Обединетото Кралство и Јордан направиле вистински напори да добијат и да дадат транспарентни и детални гаранции за да се осигура дека жалителот нема да биде злоупотребен после враќање во Јордан. Исходот на тие напори, МЗР, е супериорен и во тоа колку е детален и во неговата формалност во однос на било кои гаранции кои Судот ги анализирал пртходно (спореди со, на пример, гаранциите дадени во Saadi, Klein и Khaydarov, сите цитирани во параграф 189 (ii) погоре). МЗР исто така се чини дека е супериорен во однос на било кои гаранции испитани од страна на Комитетот против тортура на Организацијата на Обединетите нации и Комитетот за човекови права на Организацијата на Обединетите нации (види Agiza, Pelit, и Mohammed Alzery, резимирани во параграфите 147-51 погоре). МЗР е конкретен и обемен. Тој директно ја регулира заштитата на правата на жалителот од Конвенцијата во Јордан (види ставови 1-8 oд МЗР, наведени во параграфи 77-78 погоре). МЗР е исто така единствен во тоа што беше потврден од страна на независен трибунал, САКИ; којашто ја имаше предноста да добие докази од двете странки, вклучувајќи и вештаци кои биле подложени на вкрстено испрашување (види параграфи 28 и 189 (xi) погоре).
195. Судот исто така се согласува со општата оцена на САКИ дека гаранциите мора да се погледнат во контекстот во кој биле дадени. Иако Судот смета дека во изјавите дадени пред него (резимирани во параграфи 83-90 погоре [види го целиот текст на пресудата, достапен на Hudoc]), г-н Layden има тенденција да ја ублажи сериозноста на праксата на Јордан во однос на тортура: поради неговата позиција тој може со определен авторитет да зборува за јачината на билатералниот однос помеѓу Обединетото Кралство и Јордан како и за важноста на МЗР за тој однос. Од изјавите на г-н Layden, и од другите докази пред САКИ, судот смета дека има доволно докази за да се заклучи дека гаранциите биле дадени во добра вера од страна на Влада чии билатерални односи со Обединетото Кралство историски се многу силни (види Babar Ahmad and Others, и Al‑Moayad, и двете пресуди се цитирани во параграф189 (vii) погоре). Понатаму, тие биле одобрени од највисоките нивоа на јорданската Влада, имајќи го изречното одобрение и поддршка од самиот Крал на Јордан. Затоа, јасно е дека, каков и да е статусот на МЗР во јорданското право, гаранциите биле дадени од фукнционери кои може да ја обврзат јорданската држава (спореди со Ben Khemais, Garayev, Baysakov and Others, и Soldatenko, сите цитирани во параграф 189 (iii) погоре). Исто толку е важно, што гаранциите го имаат одобрувањето и поддршката на неколку високи службеници на СОР (спореди со Chahal, цитиран во параграф 189 (iv) погоре). Според Судот, сите овие фактори го прават строгото почитување на словото и духот на МЗР многу веројатно.
196. Исто така, иако жалителот тврдеше дека неговата експонираност ќе го изложи на поголем ризик, Судот не може да го прифати тој аргумент со оглед на поширокиот политички контекст во кој МЗР бил договорен. Смета дека е поверојатно дека експонираноста на жалителот ќе ги направи јорданските органи внимателни да осигураат дека со него се постапува соодветно: јорданската Влада е без сомневање свесна дека злоупотребата нема само да има сериозни последици за нејзиниот билатерален однос со Обединетото Кралство, туку исто така ќе предизвика меѓународна реакција. Во спротивно, како што беше кажано од Сојузниот суд на Канада во Lai Cheong Sing and Tsang Ming Na (види параграф 154 погоре), експонираноста не е од корист ако тортура се врши без никој никогаш да дознае за неа. Сепак, тој аргумент има помала тежина во овој случај и тоа не само поради механизмите за мониторинг кои постојат во овој случај и кои воопшто не постоеле во Lai Cheong Sing and Tsang Ming Na.
197. Покрај општите забелешки за МЗР, Судот воочува дека жалителот се повика на шест конкретни области за загриженост во однос на значењето и дејството на гаранциите. Тој изјавува дека МЗР не е јасен во однос на : (i) што се подразбира под „судија“ во врска со гаранцијата дека тој ќе биде „изведен пред судија без одлагање“; (ii) дали тој ќе има пристап до адвокат во текот на периодот на испитување во притвор; (iii) дали од гледна точка на јорданското право, гаранциите во МЗР се законити и извршни; (v) условите за пристап на Адалех до жалителот; и (vi) неговата способност да ги мониторира гаранциите. Судот ќе ја разгледа секоја забелешка по ред.
198. Во однос на првата, Судот смета дека МЗР би бил значително зајакнат ако содржел обврска жалителот да биде изведен во краток, дефиниран временски период пред цивилен судија наместо пред воен обвинител. Тоа е уште поважно кога искуството покажало дека ризикот од злоупотреба на притвореник е најголем во првите часови или денови од неговото или нејзиното притворање (види ги ставовите на Комитетот против тортура на Организацијата на Обединетите нации во параграф 156 погоре, и 9-от Генерален извештај на Комитетот за спречување на тортура (CPT/Inf (99) 12), цитиран во Panovits v. Cyprus, no. 4268/04, § 46, 11 December 2008). Сепак, Судот воочува дека, иако не е вообичаено адвокатите да ги придружуваат притворениците пред Јавниот обвинител, согласно јорданското право, жалителот би имал право да има присутен адвокат (види го извештајот на г-н Al-Khalili и Mr Najdawi во параграф 97 погоре [види го целосниот текст на пресудата, достапна на Hudoc]). Со оглед на тоа што појавувањето на жалителот пред Јавен обвинител во рок од дваесет и четири часа од неговото враќање ќе бие првата јавна прилика за јорданските органи да ја покажат нивната намера да ги исполнуваат гаранциите, Судот смета дека не е веројатно дека Јавниот обвинител нема да дозволи присуство на адвокат. Понатаму, првото појавување на жалителот пред јавниот обвинител мора да се погледне во контекст на другите мерки кои се предвидени после неговото враќање. На пример, веројатно е дека набљудувачите кои би патувале со жалителот од Обединетото Кралство до Јордан би останале со жалителот барем во еден дел од првиот ден на неговиот притвор во Јордан. Тоа е поповолно во однос на одложувањето од пет недели во добивање на пристап за кои Комитетот за човекови права на Организацијата на Обединетите нации утврди дека е порблематично во Mohammed Alzery (види параграф 151 погоре) и значително намалува било каков ризик од злоупотреба кој би можел да настане поради недоволна јасност на МЗР.
199. Во однос на втората забелешка, отсуство на адвокат во текот на испитување, САКИ заклучила дека не било веројатно дека адвокат ќе биде присутен во текот на испитувањето од страна на СОР, дека било веројатно дека адвокат ќе биде присутен во текот на секое испитување од страна на Јавниот обвинител и дека било многу веројатно дека негов застапник ќе биде присутен при секое појавување пред судија. Оневозможување на пристап до адвокат на притвореник, особено во текот на испитување, е прашање кое сериозно загрижува; правото на лице лишено од слобода да има пристап до адвокат е фундаментален заштитен механизам од злоупотреба (види Salduz, цитиран погоре, параграф 54). Сепак, во овој случај тој ризик е значително намален со другите заштитни механизми содржани во МЗР и мерките за мониторирање.
200. Во однос на третата забелешка, Судот би го исклучил ризикот дека жалителот ќе биде злоупотребен ако биде испитуван од ЦИА, дека ќе биде ставен во притвор на СОР или ЦИА во тајна установа за притвор [“ghost” detention facility] во Јордан или дека ќе биде предмет на предавање во место надвор од Јордан. Во Babar Ahmad and Others (цитиран погоре, параграфи 78-82 и 113-16), Судот забележал дека вонредното предавање [extraordinary rendition], преку намерно непочитување на правата на лицето, било анатема за владеењето на правото и вредностите кои се заштитени со Конвенцијата. Сепак, во тој случај, одлучил дека наводите на жалителите дека тие би биле подложени на вонредно предавање се очигледно неосновани. Иако Соединетите Американски Држави, кои побарале екстрадиција на жалителите, не дале било какви изречни гаранции дека нема да дојде до предавање, тие дале гаранции дека ним ќе им биде судено пред сојузните судови, Судот одлучил дека прадавањето тешко дека би било во осгласност со тие гаранции.
Слични согледувања важат во овој случај. Иако предавањето не е конкретно регулирано со МЗР, МЗР јасно предвидува дека жалителот ќе биде депортиран во Јордан, притворен и дека ќе му биде повторно судено за кривичните дела за кои бил осуден во отсуство во 1998 и 1999. Ако тој биде осуден, тој ќе биде во затвор во установата за лишување од слобода на СОР. Би било во целосна несогласност со МЗР, Јордан да го прими жалителот и наместо повторно да му суди, да го држи на тајна локација во Јордан или да го предаде на трета држава. По истата логика, дури иако тој биде испитуван од органите на САД додека е лишен од слобода од СОР, Судот не наоѓа докази кои ќе предизвикаат сомневање во заклучокот на САКИ дека јорданските власти ќе се грижат да осигураат дека Соединетите Американски Држави не „ги пречекорат границите“ постапувајќи на начин кој го прекршува духот и словото на МЗР.
201. Што се однесува на четвртата забелешка, може да е точно дека согласно јорданското право МЗР не е правно обврзувачки. Секако, како гаранција против незаконито постапување, тоа треба да биде третирано со поголем скептицизам отколку во случај каде државата се обвруза да не преземе нешто што е дозволено согласно домашното право (види параграф 189 (v) погоре). Сепак, САКИ ја зела предвид оваа разлика. Јасно е од нејзината одлука дека САКИ била доволно претпазлива во однос на таквата гаранција (види ги нејзините општи наоди за МЗР во параграф 29 et seq. погоре). Судот се согласува со ставот на САКИ, не само дека ќе има вистински и силен поттик во овој случај Јордан да избегне да биде виден дека не стои на зборот туку поддршката за МЗР од највисоките нивоа во Јордан значително ќе го намали ризикот дека високи службеници на СОР, кои учествувале во договарањето на МЗР, ќе толерираат непочитување на неговите одредби.
202. Што се однесува на петтата забелешка, жалителот се повика на непоклопувањето на верзиите на арапски и англиски јазик на МЗР како доказ дека Адалех ќе има пристап до него само три години после неговата депортација. Сепак, Судот смета дека ова прашање било решено со дипломатските ноти кои биле разменети помеѓу владите на Обединетото Кралство и Јордан (види ја втората изјава на г-н Layden во параграф 90 погоре [види го целосниот текст на пресудата, достапна на Hudoc].), која јасно покажува дека Адалех би имал пристап до жалителот сѐ додека тој е лишен од слобода.
203. На крај, во однос на шестата забелешка, јасно е дека Центарот Адалех ја нема истата стручност како водечките меѓународни НВО како што се Amnesty International, Human Rights Watch или Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Тој исто така го нема истиот углед во Јордан како, на пример, јорданскиот НЦЧП. Сепак, во својата одлука САКИ ги потврдила овие слабости. Таа го потврдила „релативното неискуство и обем“ на Центарот, но сметала дека токму самиот факт на мониторинг бил она што било важно (види параграф 31 погоре). Судот се согласува со овој заклучок. Дотолку повеќе, Судот е убеден дека способноста на Центарот значително се подобрила после одлуката на САКИ, дури и ако сѐ уште нема искуство во мониторинг. Изјавите на г-н Layden покажуваат дека Центарот бил во голема мера финансиран од Владата на Обединетото Кралство, што само по себе обезбедува степен на независност за Центарот барем во однос на јорданската Влада. Со оглед на поширокиот интерес на владата на Обединетото Кралство да осигура дека гаранциите ќе се почитуваат, може да се очекува дека ова финансирање ќе продолжи и понатака. Не произлегува дека има било каква промена до која можеби дошло во правниот статус на Центарот, ниту пак фактот што неколку други организации претходно биле консултирани како можни тела за мониторинг пред да се пристапи на Центарот. Иако треба да им се даде тежина на изјавата на г-н Wilkе дека раководителот на Центарот, г-н Rababa, се чинело дека е многу малку запознат за правните постапки на жалителот во Обединетото Кралство, сега мора да му е јасно на г-н Rababa, од состаноците кои ги имал со министри од Владата на Обединетото Кралство, која е улогата на Центарот во мониторингот како и важноста на прашањето за Владата на Обединетото Кралство. Исто така, иако г-н Rababa можеби навистина имал врски со безбедносните служби, ... нема докази дека било кој од оние кои се блиски до него ќе биде одговорен за лишувањето од слобода на жалителот. Уште поважно, контролата која Центарот може да ја очекува од јорданското и меѓународното граѓанско општество во врска со тоа како го врши мониторингот мора да надвладее секаков далечен ризик на пристрасност мој може да настане поради семејните врски на г-н Rababа.
204. Иако прецизната природа на односот помеѓу Центарот и неговата помошна организација Националниот тим за борба против тортура е нејасна, се чини дека НТБТ има доволно вработени,а ја има и потребната интердисцплинарна експертиза за да го врши мониторингот (види ја првата изјава на г-н Layden во параграф 87 погоре [види го целосниот текст на пресудата, достапна на Hudoc].). Судот би очекувал дека, какви наводи и да се дадени за составот на НТБТ, жалителот би бил посетуван од делегација во која ќе има медицински персонал и психијатри кои можат да откријат физички или психолошки знаци на злоупотрба (види став 4 (г) за описот на должности на Центарот, цитиран во параграф 81 погоре). Има многу причини за да се очекува дека на делегацијата ќе ѝ се дозволи пристап до жалителот без надзор (став 4 (в) oд описот на должности). Јасно е дека ќе биде во интерес на жалителот да се состанува со делегацијата согласно однапред договорен распоред и затоа Судот смета дека не е веројатно дека СОР за да го избегне мониторингот, би ѝ кажала на делегацијата дека жалителот не сака да се сретне со нив. Во случај делегацијата да добие таков одговор, Судот смета дека тоа ќе биде точно тип на ситуација која ќе доведе до „брзо ескалирање на дипломатски и министерски контакти и реакции’ предвидени од г-н Oakden во неговото сведочење пред САКИ (види параграф 30 погоре). Од овие причини, Судот е убеден дека и покрај неговите ограничувања, Центарот Адалех би бил способен да проверува дали гаранциите се почитувани.
205. Поради причините наведени погоре, Судот зклучува дека врз основа на доказите кои се пред него, враќањето на жалителот во Јордан нема да го изложи на ризик од злоупотреба.
206. На крај, во текот на писмениот дел од постапката, беше поставено прашање до странките за тоа дали жалителот бил изложен на ризик од казна доживотен затвор без условен отпуст и, ако е така, дали тоа би било во осгласност со член 3 од Конвенцијата. Странките се согласија дека немало таков ризик од казна доживотен затвор во Јордан последните дваесет години. Жалителот исто така прифати дека должината на неговата казна може да биде разгледана во контекст на неговите наводи по член 6. Судот се согласува со странките и смета дека во случајот на жалителот нема да дојде до проблематично прашање по член 3 во однос на должината на било која казна која може да му биде изречена во Јордан.
207. Затоа, Судот одлучува дека депортацјата на жалителот во Јордан не би го повредила член 3 од Конвенцијата.
...
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 5 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
226. Жалителот се жалеше по член 5 од Конвенцијата прво дека, ако биде депортиран тој би бил изложен на вистински ризик од флагрантно негирање на неговото право на слобода гарантирано со член 5 заради можноста согласно јорданскиот закон за притвор во изолација кој може да трае до педесет дена. Второ, исто така по член 5, тој тврдеше дека нему ќе му биде оневозможена правна помош во текот на таквиот притвор. На крај, тој тврдеше дека ако биде осуден при повторното судење, секоја казна затвор би била флагранта повреда на член 5 затоа што би била изречена ккао последица на флагрантна повреда на член 6.
Релевантните делови на член 5 предвидуваат:
“1. Секој има право на слобода и на безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен во долунаведените случаи: и во согласност со процедура врз основа на закон:
...
(в) ако е уапсен или притворен поради приведување пред надлежна судска власт, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело, или кога постојат оправдани причини тоа лице да се спречи да изврши кривично дело, или по извршувањето на кривичното дело да побегне;
...
3. Секое лице уапсено или притворено според одредбите на став 1в од овој член мора веднаш да биде изведено пред судија или друго судско лице, со закон овластено да врши судска власт, и да има право на судење во разумен рок или на пуштање на слобода во текот на судската постапка. Пуштањето може да се услови со давање гаранција дека тоа лице ќе се појави на судењето.
A. Аргументи на странките
1. Владата
227. Владата не прифати дека е можно повикување на член 5 во случаи на депортација (Судот се сомневал во тоа во Tomic v. the United Kingdom (dec.), no. 17837/03, 14 October 2003). Дури и тоа да било можно, немало проблематично прашање во овој случај затоа што жалителот не бил во долготраен притвор пред да биде изведен пред суд. САКИ заклучила дека било веројатно дека тој ќе биде изведен пред „судски орган“ во рок од четириесет и осум часа, дури и тоа да било само обвинител со судски статус. Извештајот на г-н Al-Khalili и
г-н Mr Najdawi потврдил дека Јавниот обвинител бил судски службеник, тие исто така известиле дека периодот од четириесет и осум часа во текот на кои полицијата морала да ги извести правните органи за секое апсење бил скусен на дваесет и четири часа ... САКИ исто така одлучила дека не било веројатно дека ќе се бараат продолжувањата на притворот до максимум педесет дена (види параграф 41 погоре). И двата заклучока на САКИ биле потврдени од страна на Апелациониот суд и од Домот на лордови. Во Домот на лордови, Лордот Phillips исто така заклучил дека притворот од педесет дена бил далеку од флагрантна повреда на член 5 (види параграф 58 погоре) и, иако не прифати дека притворот од педесет дена е веројатен, Владата се повика на неговиот заклучок.
228. Владата исто така изјави дека гаранцијата во МЗР дека жалителот ќе биде без одлагање изведен пред судија важела не само за секое лишување од слобода пред повторното судење за кривичните дела за кои бил осуден во отсуство туку и на секој друг период во притвор во Јордан. Конечно, со оглед на тоа дека Владата не прифати дека повторното судење на жалителот би било флагрантно негирање на правдата, Владата сметаше дека не се отворало проблематично прашање по член 5 по основ на било која казна затвор која можела да му се изрече на жалителот.
2. Жалителот
229. Жалителот изјави дека доказите покажувале дека затворениците исламисти биле рутински притворани во изолација дури и до педесет дена, по наредба на Јавниот обвинител. Таквиот период далеку ги надминувал временските рокови кои биле воспоставени од Судот (види Brogan and Others v. the United Kingdom, 29 November 1988, §§ 61-62, Series A no. 145‑B, и Öcalan, цитиран погоре, параграф 103) и кои биле прифатливи согласно меѓународното право (види параграф 155 погоре). Исто така било спротивно на судската пракса на Судот и меѓународното право јавен обвинител кој ја води истрагата да биде одговорен за одлучување за законитоста на продолжувањето на притворот. Тоа било уште повеќе така кога Јавен обвинител во случаи пред Државниот суд за безбедност бил воено лице. Понатаму, затоа што МЗР не дефинирал што значи „без одложување пред судија“, жалителот сметаше дека единствената основа за заклучокот на САКИ дека тој би бил изведен пред судски орган во рок од четириесет и осум часа било сведочењето на сведокот на Форин и Комонвелт Офисот којшто бил првично одговорен за МЗТ, г-н Oakden. Сепак, сега било очигледно од извештајот на г-н Al‑Khalili и г-н Najdawi дека тоа сведочење било засновано само врз основа на сфаќање дека жалителот би бил изведен пред Јавен обвинител.
Б. Допуштеност
230. Судот воочува дека овој жалбен навод не е очигледно неоснован во смисла на член 35, став 3 од Конвенцијата. Исто така воочува дека наводот не е недопуштен по било кој друг основ. Затоа тој мора да се прогласи за допуштен.
В. Основаност
1. Дали член 5 се применува во случаи на депортација
231. Судот прифаќа дека во Tomic, цитиран погоре, се сомневал дали е можно повикување на член 5 во случаи на депортација. Сепак, Судот исто така потсетува дека во Babar Ahmad and Others (цитиран погоре, параграфи 100-16) жалителите се жалеле дека ако бидат екстрадирани во Соединетите Американски Држави и каде ќе бидат утврдени или како непријателски борци или подложени на предавање [rendition] тогаш би имало вистински ризик од повреда на член 3, член 5 и член 6 од Конвенцијата. Владата на САД дала гаранции дека жалителите нема да се сметаат за непријателски борци и дека ќе им се суди пред сојузните судови. И пред домашните судови и пред овој Суд, жалбените наводи на жалителите биле разгледани врз основа на премисата дека тие ги исполнувале критериумите за да се сметаат за непријателски борци и дека ако тие бидат утврдени како такви, би имало вистински ризик од повреди на член 3, член 5 и член 6 од Конвенцијата. На крај, наводите биле отфрлени како очигледно неосновани затоа што гаранциите дадени од страна на Соединетите Американски Држави биле доволни за да отстранат секаков ризик од нивно утврдување како непријателски борци или предавање. Исто така, Судот потсетува дека додека го разгледувал жалбениот навод на жалителот по член 6 во Al-Moayad (цитиран погоре, параграф 101), тој заклучил дека:
„ Без сомнение доаѓа до флагрантно негирање на правото на правично судење а со тоа и негирање на правдата, кога едно лице е лишено од слобода заради сомневање дека тоа планирало да изврши или извршило кривично дело, без да има било каков пристап до независен и непристрасен суд за да се испита законитоста на неговиот или нејзиниот притвор и, ако се испостави дека сомневањето не било основано, да биде ослободено [цитирањето на пресуди е изоставено].“
Со оглед на тоа дека ова согледување било дадено во контекст на наводот на жалителот дека тој би бил лишен од слобода без судење во Гвантанамо, Судот заклучува дека овие согледувања важат уште повеќе во однос на член 5 од Конвенцијата.
232. Судот исто така смета дека би било нелогично ако жалителот кој се соочувал со казна затвор во државата која бара депортација после флагрантно неправично судење можел да се повика на член 6 за да ја спречи неговата депортација во таа држава, но дека жалител кој се соочувал со казна затвор без било какво судење да не може да се повика на член 5 за да ја спречи неговата депортација. Исто така, може да има и ситуација во која жалителот веќе бил осуден во државата која бара депортација после флагрантно неправично судење и треба да биде екстрадиран во таа држава за да ја издржува казната затвор. Ако нема можност таа постапка да биде повторена после неговото враќање, тој не би можел да се повика на член 6 затоа што тој не бил изложен на ризик од уште едно флагрантно негирање на правдата. Би било неразумно ако тој жалител не би можел да се повика на член 5 за да ја спречи својата екстрадиција (види, mutatis mutandis, Stoichkov v. Bulgaria, no. 9808/02, §§ 51-56, 24 March 2005, и Ilaşcu and Others v. Moldova and Russia [GC], no. 48787/99, §§ 461-64, ECHR 2004‑VII).
233. Судот затоа смета дека и покрај сомнежите изразени во Tomic, можно е член 5 да се примени во случај на депортација. Оттука, Судот смета дека држава договорничка би го повредила член 5 ако депортирала жалител во држава во која тој или таа бил/а изложен/а на вистински ризик од флагрантно кршење на тој член. Сепак, како и во однос на член 6, мора да се примени висок праг. Ќе дојде до флагрантно кршење на член 5 само ако, на пример, државата која бара депортација арбитрерно го притворела жалителот многу години без намера да го/ја изведе пред суд. Флагрантно кршење на член 5 може да настане ако жалителот би бил изложен на ризик да биде ставен во затвор за долг временски период во државата која бара депортација, откако претходно бил осуден во флагрантно неправична постапка.
2. Дали имало флагрантна повреда на член 5 во овој случај?
234. Судот смета дека вториот и третиот жалбен навод на жалителот по овој член (немање правна помош и можно лишување од слобода после флагрантно неправична постапка) е посоодветно да се разгледаат по член 6. Послователно, Судот треба да го разгледа само првиот навод (можноста за притвор во изолација во траење до педесет дена) по член 5.
235. Применувајќи ги принципите кои ги наведе во параграф 233 погоре, Судот смета дека не би имало вистински ризик од флагрантна повреда на член 5 во однос на притворот на жалителот пред судење во Јордан. Судот има сериозни сомнежи дали Јавниот обвинител како службено лице на СОР, кој е директно одговорна за кривичното гонење, и чија канцеларија е во зградата на СОР, може правилно да се смета за „судија или друго службено лице кое со закон е овластено да врши судска надлежност“ (види, на пример, Medvedyev and Others v. France [GC], no. 3394/03, § 124, ECHR 2010, и одлуката на Комитетот за човекови права во Kulomin, цитирана во параграф 155 погоре). Затоа, може да се даде само мала тежина на фактот што согласно измените на јорданскиот Закон за кривична постапка, жалителот би бил изведен пред Јавен обвинител во рок од дваесет и четири часа (види го извештајот на г-н Al-Khalili и г-н Najdawi во параграф 96 погоре [види го целосниот текст на пресудата, достапна на Hudoc]). Сепак, Јордан очигледно има намера да го изведе жалителот пред суд и мора да го стори тоа во рок од педесет дена од денот на лишување од слобода. Судот се согласува со Лордот Phillips дека притвор од педесет дена е далеку пократок од должината на притвор која е потребна за флагрантно кршење на член 5, и, затоа, не би имало повреда на овој член ако жалителот биде депортиран во Јордан.
IV. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 6 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
236. По член 6 од Конвенцијата, жалителот понатаму се жалеше дека тој би бил изложен на вистински ризик пд флагрантно негирање на правдата ако му биде повторно судено во Јордан за други или за кривичните дела за кои бил осуден во отсуство.
Релевантниот дел од член 6 предвидува:
„При одлучувањето за ...било какво кривично обвинение против него, секој има право на правично...судење...пред независен и непристрасен суд основан со закон....“
A. Аргументи на странките
1. Владата
237. Владата изјави дека Судот треба да го усвои пристапот на Домот на лордови и да одлучи дека член 6 ќе се применува во вонтериторијален контекст само кога неправично судење во државата која бара депортација би имало сериозни последици за жалителот. Владата, сепак, прифати дека во овој случај би имало сериозни последици за жалителот ако тој биде осуден и затоа прифати дека тестот „флагрантно негирање на правдата“ важи [во овој случај].
238. Владата понатаму изјави дека „флагрантното негирање“ требало да се толкува како повреда „толку фундаментална да доведе до поништување или уништување на самата суштина на гарантираното право“ (види го делумно спротивставеното мислење на судиите Bratza, Bonello и Hedigan во Mamatkulov and Askarov [GC], nos. 46827/99 и 46951/99, ECHR 2005-I). Според Владата, тоа било строг тест, кој ќе биде исполнет само во многу исклучителни случаи. Понатаму, потребни биле сериозни причини за да се докаже дека ќе дојде до флагрантно негирање на правдата.
239. Владата го прифати образложението на САКИ и Домот на Лордови дека тестот флагрантно негирање на правдата не бил исполнет во овој случај. Владата прифати дека постел недостаток на структурална независност кај Државниот суд за безбедност но, дека тоа било поправено со можноста за жалба до Касациониот суд. Немало ништо што во принцип или во судската пракса на Судот укажува дека недостатокот на структурална независност на еден суд автоматски значи дека ќе има флагрантно негирање на правдата, секогаш била потребна оцена на степенот на каква било неправичност, а тоа можело да биде направено само на поширока основа, а не само со анализирање на недостаток на структурална независност. Затоа, требало да се даде мала тежина на меѓународните критики на Државниот суд за безбедност или на меѓународните материјали во врска со судење на цивили од страна на воени судови.
240. Истото важело и за немањето на правна помош во периодот пред судење. Член 6 не давал никакво апсолутно право на таква помош. Јасно било од наодите на САКИ дека јорданските органи ќе постапуваат внимателно во случајот на жалителот и дека ќе бидат потполно свесни дека повторното судење на жалителот ќе биде набљудувано детално. На пример, не било веројатно јорданските судови да се повикаат на било што што жалителот кажал во текот на испитувањето од СОР, а кое не било повторено пред Јавниот обвинител. Јорданскиот закон дозволувал отсуство на адвокат пред Јавниот обвинител само поради добра причина (види го извештајот на г-н Al-Khalili и г-н Najdawi во параграф 97 погоре [види го целосниот текст на пресудата, достапна на Hudoc]).
241. Владата прифати дека дозволувањето на докази добиени со тортура на обвинетиот би го направило судењето на обвинетиот неправично. Сепак, истата сугестија не важела за докази добиени со злоупотреба која не претставувала тортура: дури и во „домашен“ контекст Судот правел разлика помеѓу неправичност како последица на докази добиени со тортура и докази добиени со други облици на злоупотреба. Кога злоупотребата не го достигнувала прагот за тортура постоела дискрециона слобода да се одлучи дали доказите добиени со злоупотреба може да се употребат при судење (види Jalloh v. Germany [GC], no. 54810/00, параграф 99 и 106‑07, ECHR 2006‑IX). Понатаму, при разликувањето на тортура од други облици на злоупотреба, Судот го применувал високиот стандард наведен во член 1 од UNCAT (види параграф 125 погоре). Во овој случај, САКИ не нашла дека доказите против жалителот биле добиени со тортура, туку само дека имало вистински ризик дека биле добиени со злоупотреба спротивно на член 3. Затоа, немало основа за да се заклучи дека употребата на тие докази автоматски значела флагрантно негирање на правдата.
242. Владата исто така изјави дека високиот стандард на докажување требало да се применува кога во вонтериторијален контекст, жалителот тврди дека доказите добиени со тортура или злоупотреба би биле употребени при судење во државата која бара депортација. Владата забележа дека судовите на Обединетото Кралство би дозволиле докази кога има вистински ризик дека биле добиени со тортура, под услов дека била утврдено со одмерување на веројатни алтернативи, дека тие не биле добиени на тој начин (пресуда на Домот на лордови во A and others (бр. 2), види параграфи 136-37 погоре). Затоа, со оглед на тоа дека доказите во овој случај можело законито и правично да бидат дозволени во Обединетото Кралство, би било нелогично дека депортацијата од Обединетото Кралство не би можела да се изврши по тој основ. Владата затоа истакна дека вистински ризик дека доказите биле добиени со тортура или друга злоупотреба не бил доволен Не би можело да дојде до флагрантно негирање на правдата освен ако било утврдено врз основа на одмерување на веројатни алтернативи или надвор од основано сомневање дека доказите биле добиени со тортура. Стандардот на докажување бил во согласност со стандардот употребен од Судот во „домашни“ случаи по член 3 и член 6; член 15 од UNCAT; со пресудата на Апелациониот суд во Дизелдорф во l, re. El Motassadeq, India v. Singh, и Mahjoub (види, соодветно, параграфи 129, 133, 135, 139 и 140 и 153 погоре). Жалителот не покажал согласно таквиот стандард на докажување, дека во неговиот случај новите докази на кои се повика не додавале ништо кон доказите кои биле изведени пред САКИ и биле во секој случај, негирани од г-н Al-Khalili и г-н Najdawi. Понатаму, случајот Mamatkulov и Askarov, цитиран погоре, покажувал дека генералните извештаи дека докази добиени со тортура биле рутински дозволувани во државата која бара депортација не биле доволни за да утврди дека конкретен жалител ќе претрпи флагрантно негирање на правдата. Биле потребни повеќе докази.
243. Владата сметаше дека аргументот на жалителот, дека имало должност да се истражат наводи за тортура, не бил релевантен. Јордан не бил договорна страна на Конвенцијата, и затоа немало позитивна обврска за Јордан да истражи повреди на член 3 од Конвенцијата. Исто така, иако било тешко обвинет во Јордан да докаже дека признание дадено пред Јавен обвиниетл не било доброволно (затоа што товарот на докажување бил на него, а не на обвинителот), САКИ одлучила дека било прифатливо што согласно јорданското право се постапувало на тој начин. Исто така комисијата одлучила дека одлука на јордански суд во која се применувал тој товар на докажување не би била очигледно неразумна или арбитрерна и затоа не би дошло до флагрантно негирање на правдата.
244. На крај, Владата истакна дека не требало да се применува никаков посебен тест за докази добиени со тортура или друга злоупотреба на трети лица, различен од тестот за било кој друг фактор кој може да го направи судењето неправично. Дури и ако требало да е така, кога немало ништо повеќе од само вистински ризик дека доказите биле добиени со злоупотреба, дозволувањето на тие докази во постапката не би довело до комплетно поништување на правото на правично судење.
245. Владата затоа изјави дека овие три фактори (недостаток на независност, немање правна помош и ризик дека ќе бидат дозволени докази добиени со тортура), дури и ако се земат заедно, не би довеле до флагрантно негирање на правдата.
2. Жалителот
246. За разлика од Владата, жалителот не го сметаше изрекувањето на долготрајна казна затвор како предуслов за утврдување на флагрантно негирање на правдата, туку ризикот од долготрајна казна затвор бил отежнеителна карактеристика на неправичноста.
247. Жалителот изјави дека тестот на флагрантно негирање на правдата бил квалитативен, а не квантитативен. „Флагрантно“ значело „ја поништува самата суштина на правото“, но не се наложувало правото да биде целосно поништено. Исто така значело дека неправичноста е очигледна и предвидлива.
248. Жалителот истакна дека ќе дојде до флагрантно негирање на правдата ако следните фактори се земат заедно (i) дека Државниот суд за безбедност е воен суд, помогнат од воен обвинител; (ii) дека тој бил експониран цивил осомничен за тероризам; (iii) дека аргументите против него биле во целост засновани на признанија во околности во кои има многу реален ризик дека признанијата биле добиени со тортура или друга злоупотреба од страна на воени лица, и (iv) дека Државниот суд за безбедност нема правилно да истражи дали признанијата биле добиени со тортurа или злоупотреба.
249. Во однос на воениот состав на Државниот суд за безбедност, жалителот најпрво се повика на осудата на Комитетот за човекови права за праксата да се суди на цивили пред воени судови (види параграфи 157-59 погоре). Второ, тој се повика на конкретните меѓународни критики во однос на Државниот суд за безбедност на Јордан. Критиките биле фокусирани на можноста за продолжени периоди на притвор во изолација без судска оцена (од страна на Јавен обвинител, воено лице), пропуштањето на Државниот суд за безбедност правилно да истражи наводи за тортура, и недостатокот на независност и непристрасност на тој суд. Жалителот исто така се повика на неправилноста на правилата на докажување во Јордан во однос на признанија. Дури и од сведочењето на г-н Al-Khalili и г-н Najdawi, произлегувало дека Касациониот суд имал заземено пристап дека штом признанието е повторено пред Јавниот обвинител, тогаш било на обвинетиот да докаже дека обвинителот учествувал во добивање на признание кое не е дадено доброволно. Ако обвинетиот тоа не го докажел, признанието било дозволен доказ без оглед на било какво неправилно постапување од страна на СОР.
250. Во овој контекст, тој истакна дека Државниот суд за безбедност во Јордан бил уште повеќе отворен кон сомнежи отколку турскиот Државен суд за безбедност анализиран во Ergin v. Turkey (no. 6) (no. 47533/99, ECHR 2006-VI). И Al‑Moayad, цитиран погоре, и Drozd and Janousek v. France and Spain, 26 June 1992, Series A no. 240 сугерирале дека судење од воен суд, само по себе, би претставувало флагрантна повреда на член 6.
251. Во врска со неговиот жалбен навод за можно дозволување на докази добиени со тортура, жалителот се повика на дополнителни докази кои тој ги добил (резимирани во параграфи 102-05 погоре [види го целосниот текст на пресудата, достапна на Hudoc])., кои покажувале дека: (i) признанијата на Abdul Nasser Al-Hamasher и Abu Hawsher биле главната основа за неговите осуди во првите судења, и (ii) тие луѓе како и некои други обвинети во секое од претходните судења биле притворени во изолација, без правна помош и мачени. Жалителот остана на тврдењето дека сведочењео на г-н Refahi било точно: употребата на отпечаток од прст на изјава било јасен знак за лажно признание. ... Отпечатокот не бил, како што сугерирале г-н Al-Khalili и г-н Najdawi само знак дека тој кој ја дал изјавата бил неписмен, и тоа најмалку во случајот со Abu Hawsher, кога аргументите против него биле дека тој ги читал кнгите на жалителот.
252. Жалителот исто така изјави дека било каква можна разлика помеѓу тортура и злоупотреба (дали во меѓународното право или во Конвенцијата) била ирелевантна од две причини. Прво, неговиот навод бил дека злоупотребата на Abdul Nasser Al‑Hamasher и Abu Hawsher била толку сериозна да претставувала тортура. Второ, имало повреда на член 6 секогаш кога е направена злоупотреба со цел да се обезбеди признание, а било јасно дека Abdul Nasser Al-Hamasher и Abu Hawsher биле злоупотребени од таа причина.
253. Употребата на докази добиени со тортура била флагрантно негирање на правдата. Забраната за употреба на такви докази била, според жалителот, дел од воспоставената меѓународна машинерија преку која била изразена јус когенс забраната на тортура. Забраната била изразена во член 15 од UNCAT и во судската пракса на Судот. Улогата на исклучување на такви докази во член 15 требало да се чита заедно со член 12 од UNCAT, кој наметнувал должност да се спроведе истрага секогаш кога имало основани причини да се верува дека бил извршен акт на тортура. Јасно било од извештаите на телата на Организацијата на Обединетите нации и НВО (резимирани во параграфи 106-124 погоре) дека Јавниот обвинител во Јордан пропуштал правилно да истражи наводи за тортура и навистина, не го направил тоа ни кога такви наводи биле дадени во текот на процесите во кои на жалителот му се судело во отсуство. Затоа, иако тој прифати дека не покажал согласно тестот на одмерување на веројатни алтернативи дека доказите биле добиени во неговиот случај со тортура, тој покажал надвор од основано соменевање дека Јордан не би ги истражувал наводите кои биле дадени во случајот на жалителот.
254. Не било правилно тоа што Владата сугерирала дека јорданското право бил во согласност со англиското во однос на стандардот на докажување кој треба да се примени; англиското право не дозволува докази во кривичната постапка сѐ додека обвинителството не докаже дека доказите не биле добиени со тортура ... Понатаму, ставот на мнозинството лордови во одлуката на Домот на лордови во A and others (бр. 2) (види параграфи 136-37 погоре) бил заснован на претпоставка дека во Обединетото Кралство, независен суд, САКИ; совесно би истражил било какви наводи дека докази биле добиени со тортура. Оваа претпоставка не важела за јорданскиот Државен суд за безбедност. Пред Државниот суд за безбедност товарот на докажување бил на обвинетиот да докаже дека признанието било добиено со тортура. Тоа било неправично затоа што не било придружено со некои од најосновните механизми за заштита од злоупотреба, како што е снимање на испитувањето, ограничени периоди во притвор и пристап до адвокати или лекари.
255. Последователно, од тие причини, било неправично да се очекува тој да докаже или надвор од основано сомневање или со одмерување на веројатни алтернативи дека клучните сведоци во случајот биле мачени.
256. Во однос на заклучоците на домашните судови, жалителот истакна дека Апелациониот суд го зазел правилниот пристап анализирајќи го случајот на жалителот како целина и правилно го споредил вистинскиот ризик дека доказите биле добиени со тортура со „долгата листа на недостатоци на основни заштитни механизми“ во јорданската кривична постапка. За разлика од тоа, Домот на лордови погрешил што се фокусирал само за ризикот дека доказите биле добиени со тортута и недоволно ја ценел комбинацијата на процедирални недостатоци на која се повикал жалителот. Домот на лордови погрешил што се повикал на Mamatkulov и Askarov, цитиран погоре. Оцената на Големиот судски совет во тој случај била под влијание на проблемот по член 34 во тој случај, доказите пред Судот не биле конкретни и детални како во случајот на жалителот и не постоел истиот збир на фактори како во неговиот случај.
Б. Допуштеност
257. Судот воочува дека овој жалбен навод не е очигледно неоснован во смисла на член 35, став 3 од Конвенцијата. Исто така воочува дека наводот не е недопуштен по било кој друг основ. Затоа тој мора да се прогласи за допуштен.
В. Основаност
1. Општи принципи
(a) Тестот „флагрантно негирање на правдата“
258. Утврдено е во судската пракса на Судот дека проблематично прашање може по исклучок да биде отворено по член 6 со одлука за протерување или екстрадиција во околности во кои лицето кое е во бегство, претрпело или било изложено на ризик да претрпи флагрантно негирање на правдата во државата која бара депортација или протерување. Тој принцип бил најпрво наведен во Soering v. the United Kingdom, 7 July 1989, § 113, Series A no. 161, и е покасно потврдуван од Судот во повеќе случаи (види Mamatkulov и Askarov, цитиран погоре, параграфи 90-91, и Al-Saadoon and Mufdhi v. the United Kingdom, no. 61498/08, § 149, ECHR 2010).
259. Во судската пракса на Судот, фразата „флагрантно негирање на правдата“ е синоним на судење кое е очигледно спротивно на одредбите на член 6 или принципите кои во него се изразени (види Sejdovic v. Italy [GC], no. 56581/00, § 84, ECHR 2006‑II; Stoichkov, цитиран погоре, параграф 56; and Drozd and Janousek, цитиран погоре, параграф 110). Иако досега не било потребно да се дефинира тој израз попрецизно, Судот сепак има посочено дека определени облици на неправичноста може да претставуваат флагрантно негирање на правдата. Судот ги има посочено како такви:
– осуда во отсуство без можност покасно да се добие повторно мериторно одлучување за обвинението (види Einhorn, цитиран погоре параграф 33; Sejdovic, цитиран погоре, параграф 84; и Stoichkov, цитиран погоре, параграф 56);
– судење по скратена постапка и кое е водено со целосно непочитување на правата на одбраната (види Bader and Kanbor v. Sweden, no. 13284/04, § 47, ECHR 2005-XI);
– лишување од слобода без било каков пристап до независен и непристрасен суд за да се оцени законитоста на лишувањето од слобода (види Al-Moayad, цитиран погоре, параграф 101);
– намерно и систематско одбивање на пристап до адвокат, особено на лице лишено од слобода во странска земја (ibid.).
260. Исто така вреди да се забележи дека во дваесет и двете години после пресудата во Soering, Судот ниту еднаш не нашол дека протерување би било спротивно на член 6. Овој факт, кога ќе се земе со примерите дадени во претходниот параграф служи да го нагласи ставот на Судот дека „флагрантно негирање на правдата“ е строг тест на неправичноста. Флагрантно негирање на правдата е повеќе од само неправилности или немање на заштитни механизми во судски постапки кои може да доведат до повреда на член 6 ако настанале во самата држава договорничка. Она што е потребно е повреда принципите на правично судење гарантирани со член 6 која е толку фундаментална што доведува до поништување или уништување на самата суштина на правото гарантирано со тој член.
261. При оценувањето дали овој тест е исполнет, Судот смета дека треба да се применат истиот стандард и товар на докажување како и во случаи на протерување по член 3. Затоа, жалителот е тој кој треба да изведе докази кои може да докажат дека има сериозни причини за да се верува дека ако тој биде протеран од држава договорничка, тој ќе биде изложен на вистински ризик да биде подложен на флагрантно негирање на правдата. Кога такви докази се изведени, на Владата е да отстрани било какви сомнежи во тој поглед (види, mutatis mutandis, Saadi, цитиран погоре, параграф 129).
262. На крај, со оглед на фактите на овој случај, Судот не смета дека е потребно да одлучи дали доаѓа до флагрантно негирање на правдата само кога судењето за кое станува збо ќе има сериозни последици за жалителот. Постои општа согласност во овој случај дека казната која му е веќе изречена на жалителот во отсуство и која може да се очекува дека ќе му биде изречена при евентуално повторно судење, се сериозни казни затвор.
(б) Дали дозволувањето на докази добиени со тортура претставува флагрантно негирање на правдата?
263. Судот се согласува со Апелациониот суд дека главното прашање во овој случај е вистинскиот ризик дека докази добиени со мачење на трети лица би биле дозволени во повторното судење на жалителот. Затоа, соодветно е најпрво да се испита дали употребата во постапката на докази добиени со тортура би довело до флагрантно негирање на правдата. Исто како и Апелациониот суд (види параграф 51 погоре), Судот смета дека би довело.
264. Меѓународното право, како и прецедентното право, го декларирале своето недвосмислено противење на дозволувањњето на докази добиени со тортура. Има убедливи правни и морални причини зошто е тоа така.
Точно е, како што Лордот Phillips забележал во пресудата на Домот на лордови за овој случај, дека една од причините за забраната е што државите мора да имаат цврст став против тортурата со исклучување на доказите кои се на тој начин добиени. Навистина, како што Судот заклучи во Jalloh, цитиран погоре, параграф 105, дозволувањето на докази добиени со тортура би служело само за индиректно да го легитимира морално неприфатливото однесување кое авторите на член 3 од Конвенцијата сакале да го забранат.
Сепак, има и други и исто толку убедливи причини за исклучување на докази добиени со тортура. Како што Лордот Bingham забележал во A and others (бр. 2), во параграф 52, докази добиени со тортура се исклучуваат затоа што се „неверодостојни, неправични, навредливи за вообичаените стандарди на хуманост и пристојност и неспојливи со принципите кои треба да го раководат судот која настојува да спроведува правда“. Судот се согласува со овие причини: тој веќе има одлучено дека изјави добиени спротивно на член 3 се суштински неверодостојни (види Söylemez v. Turkey, no. 46661/99, § 122, 21 September 2006). Всушност, искуството доволно често покажува дека жртвите од тортура ќе кажат сѐ – без разлика дали е точно или не – како најбрз начин да се ослободат од тортурата.
Уште пофундаментално, ниту еден правен систем заснован на владеење на правото не може да толерира дозволување на докази – колку и да се тие веродостојни – кои биле добиени со таква варварска практика како што е тортурата. Процесот на судење е камен темелник на владеењето на правото. Доказите добиени со тортура неповратно го оштетуваат тој процес: тие ја заменуваат силата за владеење на правото и го нарушувааат угледот на секој суд кој дозволува такви докази. Доказите добиени со тортура се исклучуваат за да се заштити интегритетот на тој процес и, на крај, и самото владеење на правото.
265. Овие причини го нагласуваат приматот кој е даден на забраната на докази добиени со тортура во Конвенцијата и меѓународното право. Во однос на системот на Конвенцијата, во неговата неодамнешна пресуда во Gäfgen v. Germany ([GC], no. 22978/05, §§ 165-67, ECHR 2010), Судот повтори дека посебни согледувања важат во однос на употребата на докази добиени спротивно на член 3 во кривична постапка. Судот забележа:
„Употребата на такви докази, обезбедени како последица на повреда на едно од суштинските и апсолутни права гарантирани со Конвенцијата, секогаш отвора сериозни прашања во однос на правичноста на постапката, дури и ако дозволувањето на такви докази не било од одлучувачка важност во донесувањето на осуда.
Затоа, Судот одлучи во однос на признанијата, како такви, дека дозволувањето на изјави добиени како последица на тортура или друга злоупотреба спротивно на член 3 како докази за да се утврдат релевантни факти во кривичната постапка ја прават целата постапка неправична. Овој заклучок важел без оглед на доказната вредност на изјавите и без оглед на тоа дали нивната употреба била одлучувачка во обезбедувањето на осуда за обвинетиот.
Што се однесува на употребата во постапка на материјални докази кои се добиени како директен резултат на злоупотреба спротивно на член 3, Судот има одлучено дека обвинувачките материјални докази добиени како последица на акти на насилство, барем ако тие акти морале да се опишат како тортура, не треба никогаш да се користат како доказ за вина на жртвата, без оглед на нивната доказна вредност [цитирањето на релеватни претходни пресуди е изоставено].“
Gäfgen ја одразува јасната, постојаната и недвосмислена позиција на овој Суд во однос на докази добиени со тортура. Таа пресуда го потврдува она што Апелациониот суд во овој случај веќе го ценел во системот на Конвенцијата: забраната за употреба на докази добиени со тортура е фундаментална. Gäfgen исто така го потврдува ставот на Апелациониот суд дека има клучна разлика помеѓу повреда на член 6 заради дозволување на докази добиени со тортура и повреди на член 6 засновани само на пропусти во процесот на судење или во составот на судот (види параграфи 45-49 од пресудата на Апелациониот суд цитирани во параграф 51 погоре).
266. Во меѓународното право има силна поддршка на тој став. Малку меѓународни норми кои се однесуваат на правото на правично судење се пофундаментални од исклучувањето на докази добиени со тортура. Има малку меѓународни договори кои имаат толку широка поддршка како UNCAT. Сто четириесет и девет држави се договорни страни на нејзините одредби, вклучувајќи ги сите држави членки на Советот на Европа (види параграф 125 погоре). UNCAT ја одразува јасната желба на меѓународната заедница уште повеќе да ја засилат јус когенс забраната на тортура преку додавање на низа мерки за искоренување на тортурата и отстранување на секаков поттик за нејзино практикување. Најпрва помеѓу одредбите на UNCAT е член 15 кој го забранува речиси апсолутно дозволувањето на докази добиени со тортура. Тој член наметнува јасна обврска на државите. Како што Комитетот против тортура на Организацијата на Обединетите нации појасни, член 15 е широк по опсег. Тој член е толкуван дека се применува во било која постапка, вклучително, на пример, постапка за екстрадиција (види ги одлуките во P.E. v. France, G.K. v. Switzerland, и Irastorza Dorronsoro, види параграфи 130 и 132 погоре). P.E. и G.K. исто така покажуваат дека член 15 се применува на „секоја изјава“ за која е утвтрдено дека е дадена како последица на тортура, а не само изјави дадени од обвинетиот (види исто така во овој поглед: Harutyunyan v. Armenia, no. 36549/03, § 59, ECHR 2007‑VIII, и Mthembu v. the State (379/07) [2008] ZASCA 51, цитирани во Gäfgen, цитиран погоре, параграф 74).Всушност, единствениот исклучок од забраната кој член 15 го дозолува е во постапка против лице кое е обвинето за тортура.
267. Поради причините наведени претходно, Судот смета дека дозволувањето на докази добиени со тортура е очигледно спротивно не само на одредбите на член 6, туку и на основните меѓународни стандарди за правично судење. Примената на такви докази би го направило целото судење не само неморално и незаконито, туку и целосно неверодостојно во поглед на исходот. Затоа би било флагрантно негирање на правдата ако такви докази се дозволат во кривична постапка. Судот не исклучува дека слични согледувања може да важат во однос на докази добиени со други облици на злоупотреба кои не се доволно сериозни за да претставуваат тортура. Сепак, врз основа на фактите на овој случај (види параграфи 269-71 погоре), не е потребно да се одлучи по ова прашање.
2. Случајот на жалителот
268. Жалителот тврдеше дека неговото повторно судење ќе претставува флагрантно негирање на правдата заради повеќе фактори, вклучувајќи отсуство на адвокат во текот на испитување, неговата експонираност и составот на Државниот суд за безбедност (види параграф 248 погоре). Сепак, како што Судот забележа, главното прашање во овој случај е дозволувањето на докази добиени со тортура. Затоа, Судот прво ќе го испита овој жалбен навод.
(a) Докази добиени со тортура
269. Инкриминирачките изјави против жалителот биле дадени од Abdul Nasser Al-Hamasher во процесот реформа и предизвик и Abu Hawsher во процесот милениумски заговор (види параграфи 9-20 погоре). САКИ одлучила дека имало барем вистински ризик дека овие инкриминирачки изјави биле добиени како резултат на постапување од страна на СОР кое го прекршувало член 3: тоа можеби претставувало тортура, а можеби и не (види параграф 420 од нејзината одлука цитирана во параграф 45 погоре).
270. Не е јасно од одлуката зошто САКИ не се чувстувала способна да донесе јасен заклучок во однос на тоа дали злоупотребата претставувала тортура. Прецизниот навод даден од Abu Hawsher е дека тој бил удиран по табаните до тој степен да кожата му се лупела секогаш кога ќе се искапел ... Лузните на г-н Al-Hamasher одговараат на токму тој облик на злоупотреба ... Целта на таа злоупотреба, ако се случила, можела да биде само да се добијат информации или признанија од нив. Понатаму, удирањето по табани или попознато како bastinado, falanga или falaka, е практика која веќе е анализирана од Судот. Нејзиното вршење предизвикува болка и страдање кај жртвата и кога нејзината цел била казнување или да се добиле признание, Судот без двоумење ја квалификувал како тортура (види, помеѓу многу други пресуди, Salman v. Turkey [GC], no. 21986/93, §§ 114-15, ECHR 2000‑VII; Valeriu and Nicolae Roşca v. Moldova, no. 41704/02, § 64, 20 October 2009 и други пресуди кои во нив се цитирани; Diri v. Turkey, no. 68351/01, §§ 42-46, 31 July 2007; и Mammadov v. Azerbaijan, no. 34445/04, §§ 68-69, 11 January 2007). Последователно, има доволно причини за да се заклучи деа ако Abu Hawsher и Abdul Nasser Al-Hamasher биле злоупотребувани на начинот на кој тврдат, нивната злоупотреба претставувала тортура.
271. Овој заклучок значи дека останатите две прашања кои Судот мора да ги испита се: (i) дали вистински ризик од дозволување на докази добиени со тортура е доволен; и (ii) ако е така, дали исто така би дошло до флагрантно негирање на правдата во овој случај.
(i) Дали вистински ризик од дозволување на докази добиени со тортура е доволен?
272. При одлучувањето по ова прашање, Судот би започнал со воочување дека доказите кои се пред него дека Abu Hawsher и Abdul Nasser Al-Hamasher биле мачени се уште поубедливи отколку што биле во времето на одлуката на САКИ. Извештајот на г-н Al-Khalili и г-н Najdawi е во најголем дел, избалансиран и објективен. Тој отворено ги оценува силните страни и слабостите на јорданскиот систем на Државниот суд за безбедност и ги потврдува обидите на СОР да изнуди признанија од осомничени лица. Сепак, главната слабост на тој извештај е што неговите автори не ги испитувааат сами, наводите за тортура кои ги дале сообвинетите на жалителот; извештајот само ги регистрира заклучоците на Државниот суд за безбедност во секое од судењата дека сообвинетите не биле мачени. Г-ѓа Refahi, од друга страна, отишлз два пати до Јордан за да разговара со адвокатите и обвинетите во првите судења. Двете нејзини изјави даваат детален опис на разговорите и јасно и конкретно ги регистрираат наводите на тортура дадени од обвинетите. Има доволно причини за повеќе да се верува на нејзиното сведочење по ова прашање отколку на погенералните заклучоци на г-н Al-Khalili и г-н Najdawi. Понатаму, во процесот милениумски заговор може да се најде определена потврда на наводите на Abu Hawsher во извештајот на Amnesty International од 2006 во кој се наведени заклучоците на таа организација дека четворица од обвинетите, вклучувајќи го Abu Hawsher, биле мачени. Наводите за злоупотреба на еден од сообвинетите, Ra’ed Hijazi, се особено убедливи, не само заради тоа што неколку сведоци се тврдело дека го виделе како го придружуваат двајца чувари при реконструкцијата на местото на настанот и ... постапувањето со него се чини дека било предмет на дипломатски протест од страна на Соединетите Американски Држави ... На крај [Судот] мора да се потпре во определена мера и на фактот што тортурата е широко распространета и рутинска во Јордан. Ако ништо друго, состојбата во тој поглед била полоша во времето кога сообвинетите на жалителот биле лишени од слобода и испитувани. Систематскиот карактер на тортурата од страна на СОР (и тогаш и сега - може само да даде дополнителна потврда за конкретните и детални наводи кои ги дале Abu Hawsher и Abdul Nasser Al‑Hamasher.
273. Сепак, дури и ако се прифати дека сепак има само вистински ризик дека доказите против жалителот биле добиени со тортура, од следните причини, Судот смета дека би било нефер да му се наметне повисок товар на докажување.
274. Прво, Судот не смета дека тестот на одмерување на веројатност како што бил применет од мнозинството лордови во Домот на лордови во A and others (бр. 2), е соодветен во овој контекст. Тој случај се однесувал на постапка која се водела пред САКИ за одлучување дали сомневањата на Државниот секретар дека поединец бил вмешан во тероризам биле точни. Таа постапка била многу поразлична од кривична постапка во која, како и во овој случај, обвинетиот може да се соочи со многу долга казна затвор ако биде осуден. Во секој случај, мнозинството на лордови во Домот на лордови во A and others (бр. 2) одлучиле дека тестот на одмерување на веројатност требало самата САКИ да го примени: жалител пред САКИ требало само да даде задоволотелна причина дека доказите можеби биле добиени со тортура. Затоа, Судот не смета дека A and others (бр. 2) е прецедент за генералната сугестија дека со примена на тестот на одмерување на веројатност, докази за кои се тврди дека биле добиени со тортура би биле дозволени во правна постапка во Обединетото Кралство, а најмалку во кривична постапка (види член 76(2) oд Законот за полиција и кривични докази од 1984 R. v Mushtaq ...).
275. Второ, Судот не смета дека канадската и германската судска пракса, кои беа доставени од Владата (види параграфи 133, 135, 139-40, и 153 погоре) даваат било каква поддршка за нејзината позиција. Во India v. Singh, странките се согласиле дека наводите морале да се докажат како одмерување на веројатност, стандардот на докажување не бил предмет на несогласност во тој случај. Mahjoub, случај поврзан со национална безбедност во кој имало документи кои не биле покажани на жалителот, го следел пристапот усвоен од Домот на лордови во A and others (бр. 2), пристап за кој Судот најде дека е несоодветен во овој случај. Во re. El Motassadeq, Апелациониот суд во Хамбург можел само да разгледа извештаи од генерален карактер во кои се тврдело дека властите на САД мачеле лица осомничени за тероризам и, во секој случај не извлекол „ниту инкриминирачки ниту заклучоци во смисла на ослободување“ од доказите за кои станува збор (види El Motassadeq v. Germany (dec.), no. 28599/07, 4 May 2010). Покрај тоа, не се чини дека прашањето стандардот на докажување кој го применил Апелациониот суд во Хамбург било истакнато во жалбата до Сојузниот суд на правдата или Уставниот суд и не било дел од жалбените наводи на г-н El Motassadeq до овој Суд. На крај, јасно е од образложението на Апелациониот суд во Дизелдорф дека тој не го употребил тестот на одмерување на веројатност за наводите на бараното лице, туку дека било доволно дека имало вистински ризик (konkrete Gefahr) дека Турција нема да го почитува член 15 од UNCAT; дека имало разумни докази (begründete Anhaltspunkte) дека изјавите дадени од сообвинетите биле добиени со тортура и дека имало вистински ризик поткрепен со докази (durch konkrete Indizien belegte Gefahr), дека изјавите кои биле земени од сообвинетите може да бидат употребени во постапката против бараното лице во Турција.
276. Tрето, и најважно, мора да се земат предвид посебните тешкотии во докажување на наводи на тортура. Тортурата е особено зла и по својот варваризам и по тоа што како ефект има расипување на кривичната постапка. Се врши во тајност, често од искусни испрашувачи кои се обучени да осигураат да не останат никакви видливи траги врз жртвата. Многу често, оние кое се одговорни да се грижат да не дојде до тортура – судовите, обвинителите и медицинскиот персонал - се соучесници во криењето на акти на тортура. Во казнено-правен систем во кој судовите се независни од извршната власт, во кој случаи се гонат непристрасно и во кој наводи за тортура се истражуваат совесно, човек може и да замисли од обвинетиот да се бара да докаже согласно висок доказен стандард дека доказите против него биле добиени со тортура. Сепак, во казнено-правен систем кој соучествува во самите практики, а кој постои нив да ги спречи, таков стандард на докажување е целосно несоодветен.
277. Јорданскиот Државен суд за безбедност е таков случај. Не само што тортурата во Јордан е широко распространеа, туку таква е и употребата од страна на неговите судови на докази добиени со тортура Во своите заклучоци во врска со член 15 од UNCAT, Комитетот против тортура ја изразил својата загриженост за извештаи дека употребата на изнудени признанија во судовите е широко распространета (види параграф 107 погоре). Специјалниот известувач има опишано систем во кој „презумпцијата на невиност е илузорна“ а „предимство се дава на добивањето на признание“(види параграф 110 погоре). Извештаите на Amnesty International и Human Rights Watch го поддржуваат овој став. Amnesty International сметала дека Државниот суд за безбедност е „во голема мера немоќен“ во однос на наводи на тортура, покрај тоа, во десетте години пред 2005, сто обвинети лица тврделе пред Државниот суд за безбедност дека биле мачени за да дадат признанија а слични наводи биле дадени во четиринаесет такви случаи само во 2005 (види параграф 113 погоре). Светскиот извештај на Human Rights Watch од 2006 отсликува систем во кој службените лица на СОР и Јавниот обвинител меѓусебно си ги префрлаат притворениците сѐ додека не се добијат признанија во прифатлива форма (види параграф 116 погоре). На крај, Националниот центар за човекови права, во последователни извештаи, ги изразил своите забелешки за начинот на кој тие изјави добиени со присила стануваат докази во јорданските судови (види параграфи 121-22 погоре).
278. Судот потврдува дека јорданското право предвидува повеќе гаранции на обвинетите во случаи пред Државниот суд за безбедност. Употребата на докази добиени со тортура е забранета. Товарот е на обвинителството да докаже дека признанија дадени на СОР биле изнудени со употреба на тортура и само во однос на признанија дадени на Јавен обвинител товарот на докажување преминува на обвинетиот. Сепак, со оглед на доказите резимирани во претходниот параграф, Судот не е убеден дека овие законски гаранции имаат било каква практична вредност. На пример, ако обвинет не успее да докаже дека обвинителот бил вмешан во добивањето на недоброволно признание, тоа признание е дозволено како доказ согласно јорданскиот закон без оглед на можни претходни акти на злоупотреба или друго неправилно постапување од страна на СОР. Тоа е вознемирувачка разлика во јорданскиот закон со оглед на блискоста на Јавниот обвинител и СОР. Понатаму, иако Државниот суд за безбедност можеби има овластување да исклучи докази добиени со тортура, тој има покажано мала подготвеност да го искористи тоа овластување. Напротив, темелноста на истрагите на Државниот суд за безбедност за наводи за тортура е во најдобар случај прашална. Недостатокот на независност на Државниот суд за безбедност има значителна важност во овој поглед. Како што САКИ забележала (параграф 447 од нејзината одлука, види параграф 46 погоре) позадината на судиите на Државниот суд за безбедност:
„можеби ги направила скептични во однос на наводи за злоупотреба извршена од СОР која влијае на изјавите дадени на Јавен обвинител. Тие може инстинктивно да го делат мислењето дека наводите за злоупотреба се рутински дел од аргументите на одбраната за да го оправдаат обвинувањето од други лица. Правната рамка има слаби средства за откривање и преземање мерки во однос на наводи за злоупотреба. Врз основа на материјалите [со кои располагаме], начинот на кој пристапува кон оценување на дозволеноста на доказите, не покажува внимателна оцена на докази кои се потенцијално незаконски добиени.“
279. Tака, иако, при било какво повторно судење на жалителот, тој без сомнение ќе може да ја оспори дозволеността на изјавите на Abu Hawsher и Abdul Nasser Al‑Hamasher и да побара докази за да го поткрепат тоа, тешкотиите со кои би се соочил обидувајќи се да го направи тоа многу години после настанот и пред истиот суд кој веќе отфрлил такво тврдење (и рутински ги отфрла сите такви тврдења) се навистина многу сериозни.
280. Затоа, Судот смета дека, со оглед на отсуството на јасни докази за правилно и ефикасно испитување на наводите на Abu Hawsher и Abdul Nasser Al‑Hamasher од страна на Државниот суд за безбедност, жалителот го исполни товарот кој може правично да му биде наметнат за утврдување дека доказите против него биле добиени со тортура.
(ii) Дали би имало флагрантно негирање на правдата во овој случај?
281. САКИ заклучила дека има голема веројатност дека сведочењето на Abu Hawsher и Abdul Nasser Al-Hamasher со кое се обвинува жалителот ќе биде дозволено при повторното судење и дека ова сведочење ќе биде од значителна, можеби и одлучувачка, важност против него (види параграф 45 погоре). Судот се согласува со овие заклучоци.
282. Судот одлучи дека ќе дојде до флагрантно негирање на правдата кога докази добиени со тортура се дозволат во кривична постапка. Жалителот покажа дека има вистински ризик дека Abu Hawsher и Abdul Nasser Al-Hamasher биле мачени за да сведочат против него и Судот одлучи дека не може правично да му се наметне повисок товар на докажување. Со оглед на овие заклучоци, исто како и Апелациониот суд, Судот одлучува дека има вистински ризик дека повторното судење на жалителот би претставувало флагрантно негирање на правдата.
283. Судот би додал дека е свесен дека Големиот судски совет не утврдил дека тестот бил исполнет во Mamatkulov и Askarov, фактор кој бил од определена важност за заклучокот на Домот на лордови дека не би имало флагрантна повреда во овој случај.
284. Сепак, како што изјави жалителот, фокусот на пресудата на Големиот судски совет во Mamatkulov и Askarov бил на обврзувачкиот ефект на одлуки донесено по правилото 39, а не на материјалните прашања кои се отворени во тој случај по член 6. Второ, жалбениот навод истакнат од жалителите во тој случај за повреда на член 6 бил од генерална и неконкретна природа, жалителите тврделе дека во времето на нивната екстрадиција тие немале изгледи дека ќе имаат правично судење во Узбекистан. Трето, Судот одлучил дека иако со оглед на информациите кои биле достапни во времето на екстрадицијата на жалителите, можеби имало причини за сомневање дали тие ќе имаат правично судење во Узбекистан, немало доволно докази за да покажат дека било какви неправилности во постапката можеле да претставуваат флагрантно негирање на правдата; фактот што Судот бил спречен од тоа што Турција не го почитувала правилото 39 да добие дополнителни информации за да му помогнат во неговата оцена на тоа дали имало таков ризик бил сфатен од Судот како прашање кое треба да се анализира според член 34 од Конвенцијата.
285. Во овој случај, ситуацијата е поинаква. Беа презентирани обемни докази од страна на странките во однос на повторното судење на жалителот во Јордан и тие биле темелно испитани од домашните судови. Понатаму, во текот на постапката пред овој Суд, жалителот достави дополнителни конкретни и убедливи докази дека неговите сообвинети биле мачени за да се обезбедат аргументи против него. Тој исто така покажа дека јорданскиот Државен суд за безбедност се покажал како неспособен правилно да истражува наводи за тортура и да исклучи докази добиени со тортура, како што наложува член 15 од UNCAT. Неговиот жалбен навод не е генерален и неконкретен навод како тој што бил истакнат во Mamatkulov и Askarov; напротив, тој е одржан и основан напад врз системот на Државниот суд за безбедност кој ќе му суди во спротивност со најфундаменталните норми на меѓународното кривично право, забраната за употреба на докази добиени со тортура. Во овие околности, и спротивно на жалителите во Mamatkulov и Askarov, жалителот во овој случај го исполни товарот на докажување кој е потребен за да се покаже вистински ризик од флагрантно негирање на правдата ако тој биде депортиран во Јордан.
...
(в) Вкупенн заклучок во однос на член 6
287. Судот одлучува дека депортацијата на жалителот во Јордан би била спротивна на член 6 од Конвенцијата.
...
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ја прогласува жалбата за допуштена;
2. Одлучува дека депортацијата на жалителот во Јордан не би била спротивна на член 3 од Конвенцијата;
...
4. Одлучува дека депортацијата на жалителот во Јордан не би била спротивна на член 5 од Конвенцијата;
5. Одлучува дека депортацијата на жалителот во Јордан би била спротивна на член 6 од Конвенцијата поради вистинскиот ризик дека при повторното судење на жалителот би биле дозволени докази добиени со мачење на трети лица.
Изработена на англиски јазик и доставена во писмена форма на 17 јануари 2012, согласно правило 77, став 2 и 3 oд Правилата на Судот.
Lawrence EarlyLech Garlicki Секретар Претседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се преземе од HUDOC базата на податоци на судска пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на случајот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако целта е да се употреби било кој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy