© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА ПЕНТИКАИНЕН против ФИНСКА
(Жалба бр. 11882/10)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
20 октомври 2015 год.
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на Пентикаинен против Финска,
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет во состав:
Дин Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Гвидо Раимонди (Guido Raimondi),
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič),
Канлар Хаџијев (Khanlar Hajiyev),
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Кристина Пардалос (Kristina Pardalos),
Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Линос-Александер Сицилианос (Linos-Alexandre Sicilianos),
Андре Потоцки (André Potocki),
Пол Леменс (Paul Lemmens),
Алеш Пејчал (Aleš Pejchal),
Јоханес Силфис (Johannes Silvis),
Дмитри Дедов (Dmitry Dedov),
Егидијус Курис (Egidijus Kūris),
Роберт Спано (Robert Spano),
Јулиа Антоанела Мотоц (Iulia Antoanella Motoc), судии,
и Лоренс Иерли (Lawrence Early), правен советник,
Откако го разгледа случајот на затворени седници на 17 декември 2014 г. и на 3 септември 2015 г.,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 11882/10) против Република Финска поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на финскиот државјанин, г-динот Маркус Веико Пентикаинен („жалителот“), на 19 февруари 2010 година.
2. Жалителот бил застапуван од г-динот Јуси Салокангас, адвокат со пракса во Хелсинки. Финската Влада („Владата“) беше застапувана од својот агент, г-динот Арто Косонен, од Министерството за надворешни работи.
3. Жалителот тврдеше дека имало мешање во неговото право на слобода на изразување согласно членот 10 од Конвенцијата бидејќи полицијата побарала од него да го напушти местото на демонстрациите, затоа што 17,5 часа додека бил во притвор не можел да пренесува информации, и заради фактот дека бил осомничен, обвинет и осуден за кривично дело, што имало „ефект на ладење“ врз неговите права и работа.
4. Жалбата ѝ била доделена на Четвртата секција на Судот (Правило 52 § 1 од Деловникот на Судот). На 4 февруари 2014 година Судскиот совет во состав Инета Зиемеле (Ineta Ziemele), претседател, Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä), Јоргос Николау (George Nicolaou), Леди Бјанку (Ledi Bianku), Винсент А. де Гаетано (Vincent A. de Gaetano), Пол Махони (Paul Mahoney), Фарис Вахабиќ (Faris Vehabović), судии, како и Франсоаз Еленс-Пасос (Françoise Elens-Passos), секретар на Секцијата, ја усвоија својата пресуда. Тие едногласно одлучија да ја прогласат жалбата за допуштена и одлучија со пет гласа наспроти два дека немало повреда на членот 10 од Конвенцијата. Заедничкото мислење на несогласување на Јоргос Николау и Винсент А. де Гаетано било приложено со пресудата. На 30 април 2014 г. жалителот побара случајот да биде упатен до Големиот судски совет согласно членот 43 од Конвенцијата, а панелот на Големиот судски совет го прифати барањето на 2 јуни 2014 година.
5. Составот на Големиот судски совет беше утврден согласно одредбите од членот 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и правилото 24 од Деловникот на Судот. На последната расправа за случајот Марк Вилигер и понатаму присуствуваше по истекувањето на неговиот мандат, но Изабел Беро беше заменета од Пол Леменс, заменик судија (член 23 § 3 од Конвенцијата и правило 24 § 4). Судиите Хосеп Касадевал и Елизабет Штајнер не беа во можност да учествуваат на последната расправа за случајот и беа заменети од Канлар Хаџијев и Ангелика Нусбергер, заменици судии.
6. И жалителот и Владата поднесоа дополнителни забелешки на писмено (правило 59 § 1) во однос на основаноста.
7. На 15 декември 2014 година Големиот судски совет го разгледал ДВД материјалот што го обезбедиле странките.
8. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 17 декември 2014 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(a) за Владата
Г-дин А. Косонен (A. Kosonen), Министерство за надворешни работи, агент,
Г-аС. Хеикинхеимо (S. Heikinheimo), директор за полиција, Министерство за внатрешни работи,
Г-аТ. Мајури (T. Majuri), виш советник, Министерство за правда,
Г-аМ. Споландер (M. Spolander), правник, Министерство за надворешни работи,
Г-дин П. Котиахо (P. Kotiaho), правник, Министерство за надворешни работи, советници;
(б) за жалителот
Г-дин Ј. Салокангас (J. Salokangas),
Г-дин В. Матилаинен (V. Matilainen),адвокат.
И жалителот беше исто така присутен.
Судот ги сослуша обраќањата на г-динот Косонен, г-динот Салокангас и г-динот Матилаинен како и нивните одговори и тие на г-ата Мајури и г-динот Пентикаинен на прашањата поставени од судиите Хирвела, Потоцки, Силфис, Мотоц, Сицилианос, Спано, Курис и Дедов.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
9. Жалителот е родена во 1980 година и живее во Хелсинки.
10. Жалителот е фотограф и новинар кој е вработен од неделникот Суомен Кувалехти (Suomen Kuvalehti). На 9 септември 2006 година бил испратен од својот работодавец да ги фотографира демонстрациите кои се одржувале во знак на протест на Азиско-европскиот состанок (АСЕМ) што се одржувал во Хелсинки. Демонстрациите биле особено масовни за фински услови и сите медиуми ги следеле внимателно. Жалителот требал да поднесе опширен извештај за демонстрациите за писмената верзија на списанието, како и за онлајн верзијата веднаш, штом ќе завршеле демонстрациите.
11. Следниов приказ на околностите на случајот се заснова на изјаснувањата на странките, вклучително и ДВД материјалот од настанот Смеш АСЕМ (види параграф 7 горе), како и пресудата на Окружниот суд на Хелсинки (види параграф 37 долу).
А. Смеш АСЕМ демонстрациите
12. На 30 август 2006 година пред да се случат демонстрациите, финската разузнавачка безбедносна служба направила проценка на нивоата на ризик од претстојните Смеш АСЕМ демонстрации и го алармирале Полицискиот оддел на Хелсинки дека демонстрациите ќе биле непријателски настроени и немале да имаат некаква јасна политичка цел. Во тоа време Полицискиот оддел не успеал, и покрај сите напори, да воспостави контакт со организаторите на демонстрациите. Полицијата своите последователни дејствија, меѓу другото, ги базирала на овие основи.
13. Слична проценка на ризикот била направена и во контекст на две претходни демонстрации кои се одржале во Хелсинки истата години, и двете биле проследени со насилство. Првите биле демонстрациите по повод европскиот први мај што се одржале на 30 април 2006 година, кога марш од приближно 1.500 лица се претворил во немири при што биле фрлани предмети и имот бил оштетен. Последователно Окружниот суд на Хелсинки прогласил осуммина за виновни за учество во насилни немири и спротивставување на полицијата со примена на насилство и им изрекла условни казни затвор. Сличен инцидент се случил и за време на Хелсиншката ноќ на уметноста на 24 август 2006 година кој завршил со уништување на имот и насилство поради што 56 лица биле притворени.
14. На 8 септември 2006 година т.н. Донгзхоу Коалиција ја информирала полицијата за Смеш АСЕМ демонстрациите. Според извештајот на заменик парламентарниот народен правобранител (види параграф 34 долу), полицијата немала никакви информации за Донгзхоу Коалицијата и оттука не им било јасно кој бил реално организаторот. Се чини од јавни извори дека споменатата „коалиција“ била неформална група отворена за секој што се согласувал со идејата што ја бранеле Смеш АСЕМ демонстрациите и кои се договориле да не носат симболи на ниедна партија на местото на демонстрацијата.
15. Демонстрантите најавиле дека планирале да маршираат на 9 септември 2006 година меѓу 17.45 и 21.00 часот од Киасма музејот на современа уметност – област со густ сообраќај – до Хелсиншкиот изложбен и конференциски центар каде што се одржувал АСЕМ самитот, потег долг 4,9 километри. Најавената рута на маршот била следнава: Mannerheimintie – Kaivokatu – Siltasaarenkatu – Agricolankatu – Kaarlenkatu – Helsinginkatu – Läntinen Brahenkatu – Sturenkatu – Aleksis Kivenkatu – Ratapihantie – Asemapäällikönkatu – Ratamestarinkatu – Rautatieläistenkatu – завршувала во паркот веднаш до Велодром кој бил блиску до местото на одржување на самитот. Темата на демонстрациите била да се спротивстават на АСЕМ самитот со одреден фокус на прашања поврзани со човековите права. На постерите со кои ги повикувале луѓето да земат учество во демонстрациите, демонстрантите барале да се носи црна облека. Постерите исто така прикажувале како еден демонстрант фрла Молотов коктел и тие ги охрабрувале потенцијалните демонстранти меѓу другото „дури и да предизвикаат малку неред на улиците на Хелсинки“ (“tuodaedeshiemansekasortoamyös Helsinginkaduille”, attfåävenenliten bit avkaosocksåpågatornai Helsingfors).
16. Според Владата, полицијата успеале да разговараат по телефон со еден од организаторите, наведен како лице за контакт за настанот. Меѓутоа тоа лице, кое делувало во име на организаторите, одбивало да разговара за прашања кои меѓу другото биле поврзани со условите под кои демонстрантите ќе марширале од местото на настанот до местото во близина на изложбениот центар каде што се одржувал АСЕМ Самитот. Ова одбивање исто така се однесувало и на напорите на полицијата да воспостават контакт со организаторите на самиот настан.
17. Според Владата имало посебна област одредена од полицијата за претставниците на медиумите од каде можеле да известуваат за настанот. Таа била лоцирана на Паасикиви плоштадот, спроти Киасма музејот на современа уметност, на другата страна на Манерхеимунтие. Полицијата, како дел од стандардната процедура ги информирала главните фински медиумски организации за Смеш АСЕМ настанот, а вклучила и контакт информации на Одделението за односи со јавноста на полицијата, кое стоело на располагање за да одговори на сите прашања кои медиумите може да ги имале во врска со покривањето на настанот, вклучително и информации за местото резервирано за медиумите. Исто така одделението за односи со јавноста на локалната полиција на Хелсинки обезбедила високо службено лице да се наоѓа на истата локација за да им одговори на сите прашања што претставниците на медиумите можеле да ги имаат, како и да дава интервјуа за настаните во текот на денот.
18. Демонстрациите требале да започнат во 18 часот на 9 септември 2006 година. Околу 500 набљудувачи, група од околу 50 демонстранти и околу 50 новинари се собрале на местото на поаѓање на маршот. Полицијата направила безбедносни подготовки за настанот со тоа што распоредила 480 полициски и гранични службеници. За фински стандарди опсегот на полициските подготовки бил извонреден.
19. На почетокот на демонстрациите шишиња, камења и тегли наполнети со боја биле фрлени на народот и полицајците. Некои демонстранти ги клоцале и удирале полицајците. Имено околу 18.05 часот полицајците го опколиле просторот на демонстрациите. Во тој момент луѓето можеле слободно да поминуваат меѓу полицајците. Полицијата неколкупати преку звучници кажала дека било дозволено да се одржат мирни демонстрации на местото каде што се наоѓале, но дека на масата не ѝ било дозволено да демонстрира со марширање.
20. После ескалацијата на насилството, полицијата во 18.30 часот сметала дека настанот се претворил во немири. Од 18.30 до 19.17 часот полицијата го запечатила просторот во напор да ги контролира немирите. Масата се обидела да ја пробие полициската одбранбена линија. Меѓутоа, и во овој период, полицискиот кордон им дозволувал на семејства со деца и претставниците на медиумите да поминуваат. На моменти ваквото поминување било оневозможувано затоа што биле фрлани шишиња и други предмети на местата од каде луѓето си заминувале.
21. Полицијата преку звучник најавила дека демонстрациите биле прекинати и дека масата требала да го напушти местото. Ваквата најава била повторена неколку пати. Потоа стотици лица доброволно заминале преку неколку места за излез одредени од полицијата. Кога заминувале од нив се барало да покажат лични карти и им биле проверувани работите што ги носеле.
22. Жалителот тврдеше дека линијата на полицајците околу кордонот била во крајно збиена и повеќеслојна. Видливоста од надвор кон внатре зад кордонот била практично непостоечка. Исто така миниавтобуси и автобуси за притворање го блокирале погледот. Во 19.15 часот полицијата почнала да формира втор поширок кордон и го одвоила целиот централен дел. Било невозможно да се гледа од улиците во близина на просторот Киасма.
23. Некои демонстранти биле уапсени во делот одвоен со кордон со примена на сила. Апсењата од страна на полицијата биле направени со примена на метод кој вклучувал отворање на полицискиот кордон за да им се дозволи на службениците за притвор да можат да дејствуваат, по што кордонот веднаш се затворал откако фатеното лице ќе било обезбедено.
24. Полицијата во повеќе наврати најавила дека масата треба да се разотиде. Жалителот тврдеше дека тој чул полициска наредба просторот да биде расчистен за првпат во 20.30 часот. Жалителот му се јавил на својот работодавец и разговарале за тоа дали да си замине од просторот. Жалителот забележа дека врз основа, меѓу другото, на овој разговор тој заклучил дека неговото присуство во кордонот било неопходно.
25. Кон крајот на демонстрациите, жалителот тврдеше дека застанал меѓу полицијата и демонстрантите. Полицијата продолжила со наредбите луѓето да се разотидат, велејќи дека секое лице кое немало да си замине ќе било уапсено. Околу 21 часот полициски службеник лично му кажал на жалителот дека тоа му била последната шанса да го напушти местото. Жалителот му кажал на полицискиот службеник дека известувал за Суомен Кувалехти и дека ќе го следел настанот до самиот крај после што полицискиот службеник го оставил на мира. Жалителот мислел дека полицијата немала да му се меша во работа откако им го дал ова објаснување.
26. До 21 часот околу 500 луѓе го напуштиле местото преку полициските пунктови за проверка. Според жалителот околу 20 демонстранти сè уште седеле на земја во средина на просторот ограден со кордон тесно обиколени од полицијата. Демонстрантите се држеле едни со други за рака. Ситуацијата внатре во кордонот во овој момент веќе еден час била мирна. После ова полицијата ги разбила демонстрантите и ги уапсила лицата што протестирале.
27. Жалителот тврдеше дека пред неговото апсење чул полицаец како викнал: „Фатете го фотографот!“. Жалителот стоел веднаш до еден пратеник и фотографирал кога бил уапсен. Тој на полицискиот службеник што го апсел му кажал дека е новинар, што подоцна било потврдено од службеникот. Полицискиот службеник што го уапсил изјавил во претпретресната истрага дека жалителот не се спротивставувал на апсењето и дека побарал да се јави на телефон што му било дозволено. Жалителот му се јавил на колега во списанието на кој му објаснил дека полицијата го привела и дека не знаел што понатаму ќе се случи. Тој мислел дека наскоро ќе бил ослободен. Жалителот исто така му кажал на полицискиот службеник што го апсел дека во торбата имал фотоапарати, информации што биле земени во предвид од страна на полицискиот службеник: на жалителот исто така му било дозволено да ја стави опремата за фотографирање во торбата. Кога полицискиот службеник што го апсел му побарал лична карта, жалителот му ја дал својата новинарска легитимација. Друг полициски службеник кој бил присутен на апсењето на жалителот во претпретресната истрага изјавил дека жалителот не се спротивставил на апсењето, но дека не слушнал дека жалителот се идентификувал како новинар. Полицискиот службеник што го апсел исто така сведочел дека поднел записник за апсењето, посочувајќи ги причините за апсењето на жалителот и ги евидентирал личните податоци на жалителот. Според извештајот од претпретресната истрага, основата за апсењето на жалителот била непослушност кон полицијата.
28. Жалителот бил однесен во автобусот за приведени лица. Во автобусот, тој наводно повторно им објаснил на полицајците дека бил фотограф што работи за списание. Жалителот бил однесен во полициската станица каде што побарал да разговара со началникот. Тој наводно повторно објаснил дека бил новинар, но неговите барања биле игнорирани. Тој тврдеше дека ја „извадил“ својата новинарска легитимација и почнал да ја носи на градите. Жалителот исто така тврдеше дека полицискиот службеник што го примил во полициската станица му ја отстранил новинарска легитимација која му висела на вратот. Според жалителот, на полицискиот службеник кој го примил во полициската станица оттука му било јасно дека тој бил новинар. Додека бил во притворската ќелија, жалителот наводно им викал на полициските службеници што минувале дека уапсиле новинар, но бил игнориран.
29. Жалителот тврдеше дека неговата опрема за фотографирање и мемориските картички му биле конфискувани. Меѓутоа, владата се држеше до тоа дека веднаш штом полицијата открила дека жалителот бил претставник на печатот, фотоапаратот, мемориските картички и другата опрема веднаш биле третирани како новинарски извор и не биле конфискувани. Тој можел да се ги задржи фотографиите и никакви ограничувања во однос на употребата на фотографиите не му биле изречени од ниеден орган, во ниедна фаза. Според извештајот на заменикот парламентарен народен правобранител (види параграф 34 долу), полицијата ја проверила содржината на мобилните телефони на задржаните лица. Меѓутоа не било јасно дали мобилниот телефон на жалителот бил проверен и дали неговите мемориски картички биле проверени.
30. Полицијата го задржала жалителот во притвор од 9 септември во 21.26 часот до 15.05 часот на 10 септември, односно 17,5 часа. Тој бил сослушан од полицијата на 10 септември меѓу 13.32 часот и 13.57 часот.
31. Работодавецот на жалителот, главниот уредник на списанието, наводно дознал за апсењето на жалителот и дека тој бил во полициски притвор. Се чини дека тој се јавил во полициската станица, но не му биле дадени информации во врска со апсењето на жалителот. Според жалителот дури откако главниот уредник му се јавил на висок функционер (чие име жалителот не го спомнува во своите изјави) во Министерството за внатрешни работи следниот ден биле направени подготовки за ослободување на жалителот.
32. Полицијата уапсила вкупно 128 лица на местото на демонстрациите. Полицијата ги ослободила малолетниците (шеснаесет лица) неколку часа после апсењето. Повеќето од оние што биле уапсени биле ослободени на 11 септември 2006 година. Жалителот бил седмото задржано лице кое било испрашано и шестото кое било ослободено после малолетниците. Последниот осомничен бил ослободен на 12 септември 2006 година во 11.07 часот наутро.
Б. Последователниот развој на настаните
33. Домашните и меѓународните медиуми известувале од настанот и за полициските мерки на широко. Ова било предмет и на опсежна истрага од страна на заменикот парламентарен народен правобранител во 2006 и 2007 година. Меѓутоа, заради процедурални правила, заменикот парламентарен народен правобранител не можел да го истражи случајот на жалителот заради тоа што во тоа време се чекало на кривичните постапки против него.
34. Се чини од извештајот на заменикот парламентарен народен правобранител од 9 септември 2006 година меѓу другото дека полицијата немала никакви информации за Коалицијата Донгзхоу и дека затоа не им било јасно кој навистина бил организаторот на демонстрациите. Исто така се чини дека полицијата ја проверувала содржината на мобилните телефони на задржаните лица. Исто така заменикот парламентарен народен правобранител го критикувал меѓу другото фактот дека немало доволен број на пунктови за проверка со оглед на бројот на луѓето и дека трите часа колку што луѓето биле држени во делот заграден со кордонот било непотребно долг период. Заменикот парламентарен народен правобранител исто така се сомневал во законитоста на безбедносните проверки.
35. На 5 февруари 2007 година полицијата информирала 37 осомничени лица дека за нив била прекината прелиминарната истрага, но дека нивните случаи не му биле доставени на јавниот обвинител за да одлучи за покренување обвинение. Јавниот обвинител поднел обвиненија против вкупно 86 лица.
В. Кривичните постапки против жалителот
36. На 23 мај 2007 година јавниот обвинител поднел обвинение против жалителот за непослушност кон полицијата (niskoittelupoliisiavastaan, tredska mot polis) согласно Глава 16, член 4, став 1 од Казнениот законик (rikoslaki, strafflagen).
37. На 17 декември 2007 година Окружниот суд на Хелсинки (käräjäoikeus, tingsrätten) го прогласил жалителот за виновен за тоа што не ја послушал полицијата согласно Глава 16, член 4, став 1 од Казнениот законик, но не му изрекол никаква казна.
Жалителот пред судот изјавил дека тој ги чул наредбите за растурање околу 20.30 часот, но дека сметал дека тоа се однесувало само на демонстрантите. Судот сметал дека било утврдено дека полициската акција била законска и дека жалителот бил свесен за наредбите на полицијата да се напушти местото, но дека одлучил да ги игнорира. Од изјавите на сведоците дадени пред судот се чинело дека жалителот не му кажал ниту посочил на полицискиот службеник кој бил во близина во времето на апсењето дека бил новинар. Според полицискиот службеник тој станал свесен за овој факт дури кога се појавило релевантното списание. Исто така од изјавата на друг новинар се чини дека тој и трет фотограф, кои биле во запечатената зона можеле да заминат од местото без никакви последици нешто пред апсењето на жалителот. Овој последен новинар кој останал посведочил дека последната фотографија ја направил во 21.15 часот и заминал 2-3 минути пред апсењето на жалителот. Окружниот суд одлучил дека било утврдено и дека полициските наредби биле јасни и дека евидентно се однесувале на сите во масата, која се состоела од демонстранти, набљудувачи и други припадници на јавноста.
Исто така Окружниот суд го разгледал оправдувањето за мешање во правото на жалителот согласно членот 10 од Конвенцијата на следниот начин:
“...
Спорно е дали Пентикаинен како новинар и врз основа на својата слобода на изразување имал право да не се придржува на наредбите што му ги дала полицијата. Пентикаинен бил подготвен да го искористи своето право на слобода на изразување како фотограф. Наредбите на полицијата за растурање ја ограничувала слободата за изразување на Пентикаинен. Прашањето е дали постоело оправдување за ваквото ограничување.
Според членот 12 од Уставот и членот 10 од Европската конвенција за човекови права секој има право на слобода на изразување. Тоа го опфаќа и правото на објавување и дистрибуција на информации без мешање од страна на властите. Според Уставот подетални одредби за постоењето на слобода на изразување се дадени со Законот. Согласно членот 10 § 2 од Европската конвенција за човекови права остварувањето на слобода на изразување може да подложи на формалности, услови, ограничувања или казни кои се пропишани со закон. Според споменатиот член и судската пракса на Судот за човекови права, трите услови мора да се земат во предвид при проценувањето на ограничувањата: 1) ограничувањата мора да бидат пропишани со закон, 2) мора да постои прифатлива причина и 3) мора да се неопходни во едно демократско општество.
Најпрво, Окружниот суд забележува дека полицијата има овластување, во согласност со членовите 18 и 19 од Законот за полиција да одвои со кордон простор и да ја разбие масата. Во однос на моќта на ова овластување полицијата дала наредба лицата кои останале во Каисма-Поститало просторот да си разотидат, наредба која Пентикаинен одбил да ја почитува. Ограничувањето оттука било пропишано со закон.
Второ, Окружниот суд смета дека овластувањата стипулирани во членовите 18 и 19 од Законот за полиција се поврзани со одржувањето на јавниот ред и безбедност и спречување на неред или кривични дела, и дека во овој случај наредбата за разотидување дадена, меѓу другите и на Пентикаинен, е поврзана со спречувањето на нереди. Затоа ограничувањето е прифатлива причина.
Трето, мора да се провери дали наредбата за разотидување дадена на Пентикаинен и обврската за нејзино почитување биле неопходни во едно демократско општество. Окружниот суд одлучи дека било неопходно да се стави крај на ситуацијата во Каисма со тоа што на масата ѝ било наредено да се разотидат и со тоа што лицата биле замолени да го напуштат просторот.
Окружниот суд заклучува дека во овој случај условите за ограничување на слобода на изразување на Пентикаинен, со тоа што му било наредено да се разотиде заедно до преостанатата маса, била исполнета. Окружниот суд зазел став во однос на елементите кои влијаеле на казнивоста на делото на Пентикаинен долу.
Случајот на кој упатил Пентикаинен (Dammann v. Switzerland, 25 April 2006) се однесувал на ситуација во која еден новинар бил осуден во Швајцарија по обвинение за повреда на службена тајна кога побарал и добил информации од секретарка во јавното обвинителство од евиденцијата. Судот таму одлучил дека осудувањето на жалителот можело да ги спречи новинарите да не учествуваат во јавни дискусии за прашања од јавен интерес. Ваквото осудување не било соодветно сразмерно на целите што требале да се постигнат и со тоа бил повреден членот 10 од Конвенцијата. Окружниот суд одлучи дека цитираниот случај не бил сличен на случајот во прашање.
...”
Меѓутоа потпирајќи се на Глава 6 член 12 од Казнениот законик никаква казна не му била изречена на жалителот бидејќи делото било слично на „дело што може да се прости“ (anteeksiannettavaantekoonrinnastettava, jämförbar med enursäktliggärning). Окружниот суд одлучил дека:
“...
Се повлекува казната за Пентикаинен во согласност со Глава 6, член 12 § 3 од Казнениот законик, бидејќи делото, заради специјалните причини поврзани со дејствието, може да се смета дека е споредливо со дело што може да се прости. Како новинар Пентикаинен бил присилен да го прилагоди своето однесување на ситуацијата заради спротивставените очекувања изразени од страна на полицијата од една страна и од неговата професија и работодавец од друга страна.
...”
38. Со писмо со датум од 23 јануари 2008 година жалителот се жалел до хелсиншкиот Апелационен суд (hovioikeus, hovrätten), при што тврдел дека Окружниот суд требало да го отфрли обвинението против него. Тој тврдел дека неговото апсење и фактот дека тој бил прогласен за виновен биле против Уставот и членот 10 од Конвенцијата. Жалителот бил новинар и тој не учествувал во демонстрациите, ниту предизвикал некакви нереди. Окружниот суд не образложил зошто апсењето и осудувањето „биле неопходни во едно демократско општество“ и затоа не успеал да го оправда мешањето.
39. На 30 април 2009 година Апелациониот суд ја одбил жалбата на жалителот без да даде некакво образложение.
40. Со писмо со датум од 24 јуни 2009 година жалителот понатаму се жалел во Врховниот суд (korkeinoikeus, högstadomstolen), повторувајќи ги основите на жалбата кои веќе биле претставени пред Апелациониот суд.
41. На 1 септември 2009 година Врховниот суд одбил на жалителот да му дозволи да се жали.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Законот за полиција
42. Според членот 14 од Законот за полиција (poliisilaki, polislagen; Закон бр. 493/1995, како што бил на сила во релевантното време), на барање на тој што престојува во домашни или јавни простории или нејзин или негов застапник, полициските службеници имале право да го отстранат секој кој незаконски упаднал, влегол тајно или со диверзија или се скрил таму или игнорирал наредба да замине. Полициските службеници имале право да го отстранат секој со дозвола да биде во дадениот простор или местото посочено горе доколку тој или таа го нарушува домашниот или јавниот мир на други лица или предизвикал значително нарушување на други начини и постоеле разумни основи дека нарушувањето повторно ќе се случи. Доколку било веројатни дека отстранувањето ќе спречело нарушувањето повторно да се случи, полициските службеници имале право да го уапсат лицето кое предизвикало нарушување и да го задржат во притвор. Уапсеното лице можело да биде задржано само додека постоела шанса нарушувањето да се повтори, но не подолго од 12 часа по апсењето.
43. Според членот 18 § 1 од Законот за полиција, полициските службеници имале право со кордон да го одделат, затворат или расчистат местото или просторот што е за јавна употреба или да забранат или ограничат движење таму, доколку тоа било неопходно за да се задржи јавниот ред и безбедноста, да се обезбеди истрага или да се заштитат мерките преземени на местото на несреќата, приватноста на лицата подложени на мерките и некаков друг загрозен приоритет.
44. Членот 19 од Законот за полиција предвидувал дека полициските службеници имале право да ѝ наредат на масата да се разотиде доколку собирот се заканувал по јавниот ред или го попречувал сообраќајот. Доколку наредба за растурање или движење не била почитувана, полициските службеници имале право да применат сила за да ја растурат масата и да уапсат лица кои не се придржувале на наредбите. Уапсените лица морале да бидат ослободени веднаш штом намената на мерката била исполнета, но не подоцна од 12 часа после апсењето.
45. Нов Закон за полиција (poliisilaki, polislagen; Act no. 872/2011) стапил на сила на 1 јануари 2014 година. Глава 2, членови 5, 8 и 9 од новиот Закон ги содржеле истите прописи, вклучително и тоа дека уапсеното лице можело да се држи во притвор само додека постоела веројатност дека нарушувањето можело да се повтори, но не подолго од 12 часа после апсењето.
Б. Законот за мерките на присила
46. Глава 1, член 2, став 2, од Законот за мерки на присила (pakkokeinolaki, tvångsmedelslagen; Закон бр. 450/1987, кој бил на сила во релевантното време) уредувал дека, доколку постоеле предуслови за апсење, полицискиот службеник можел да приведе еден осомничен за дело без налог за апсење доколку апсењето на друг начин можело да биде загрозено. Полицискиот службеник, без одлагање, морал да го извести службеното лице со овластување за апсење за приведувањето. Споменатото службено лице со овластување да апси морало да одлучи во рок од 24 часа од приведувањето дали приведеното лице требало да се пушти или уапси.
47. Новиот закон за мерки на присила (pakkokeinolaki, tvångsmedelslagen; Act no. 806/2011) стапил на сила на 1 јануари 2014 година. Глава 2, член 1 од новиот Закон го предвидува следново:
„Еден полициски службеник може, за да се разјасни делото, да приведе осомничен за прекршок ако е фатен на дело или во обид да избега.
Полицискиот службеник може исто така да уапси осомничен за дело за кој има налог за апсење или притвор. Исто така еден полициски службеник за време на главниот претрес на судот или за време на размислувањето за одлуката да го уапси обвинетиот чиј притвор бил побаран во врска со пресуда, доколку притворот е неопходен за да се спречи тој или таа да избега.
Доколку предусловите за апсењето постојат, полицискиот службеник може да приведе осомничен за дело исто така и без налог за апсење ако апсењето може да биде загрозено. Полицискиот службеник, без одлагање, мора да го извести службено лице со овластување за апсење за тоа апсење. Споменатото службено лице со овластување да апси мора да одлучи во рок од 24 часа од приведувањето дали уапсеното лице треба да биде пуштено или уапсено. Продолжувањето на задржувањето за повеќе од 12 часа бара постоење на предуслови за апсење.“
В. Законот за кривична истрага
48. Според членот 21 од Законот за кривична истрага (esitutkintalaki, förundersökningslagen; Закон бр. 449/1987, како што се применувал во релевантното време), осомничен кој не бил уапсен или притворен немало потреба да биде присутен за кривичната истрага подолго од 12 часа непрекинато или, доколку предусловите согласно Законот за мерки на присила биле исполнети не подолго од 24 часа.
49. Според членот 24, став 2 од истиот Закон, распитот можел да се спроведе меѓу 22.00 и 07.00 часот следното утро само доколку:
„(1) лицето кое треба да се испита го побара тоа;
(2) се спроведува скратена истрага за која лицето кое се испрашува треба да остане или да дојде веднаш; или
(3) постои некоја друга итна причина за тоа.“
50. Истите правила се ретроактивно се вклучени во Глава 6, член 5, став 2 и Глава 7, член 5, став 2 од новиот Закон за кривична истрага (esitutkintalaki, förundersökningslagen; Закон бр. 805/2011) кој стапил на сила на 1 јануари 2014 година.
Г. Казнениот законик
51. Според Глава 16, член 4, став 1 од Казнениот законик (rikoslaki, strafflagen; Закон бр. 39/1889, согласно измените и дополнувањата со Законот бр. 563/1998),
„Едно лице кое
(1) нема да послуша наредба или забрана дадена од полицискиот службеник, во рамки на неговата надлежност заради одржување на јавниот ред или безбедност или извршување на обврска,
(2) одбива да му ги даде на полицискиот службеник информациите за идентификација на кои се упатува во членот 10 став 1 од Законот за полиција,
(3) нема да го почитува јасно видливиот сигнал или наредба на полицискиот службеник да го сопре или да се движи со возилото како што се упатува во член 21 од Законот за полиција,
(4) ќе ја запостави обврската да даде помош како што се упатува во член 45 од Законот за полиција, или
(5) ќе ја алармира полицијата без причина или преку давање на лажни информации ќе ја попречи работата на полицијата,
ќе биде казнето, освен ако не е предвидена построга казна за делото на друго место во законот, за непослушност кон полицијата со парична казна или казна затвор од најмногу три месеци.“
52. Глава 6, член 12 од истиот закон го предвидува следново:
„Судот може да се откаже од казната ако
(1) делото, кога се проценува како целина, земајќи ја во предвид штетата или вината на сторителите кои се манифестирани со делото, се смета дека е помалку важно,
(2) сторителите извршиле прекршок, а се помлади од 18 години, а делото се смета дека е резултат не незнаење или невнимателност,
(3) заради посебни причини поврзани со делото или сторителот делото се смета за споредливо со дело кое може да се прости,
(4) казната се смета за неразумна или беспредметна, особено ако се земат во предвид факторите на кои се упатува горе во член 6 став 3 и член 7 или дејствијата на социјалните или здравствените власти, или
(5) делото нема суштински да влијае на вкупната казна заради одредбите за одредување санкција за заедничко казнување.“
Д. Закон за кривична евиденција
53. Членот 2, став 1-2, од Законот за кривична евиденција (rikosrekisterilaki, straffregisterlagen; Закон бр. 770/1993) предвидува дека
„Врз основа на белешките на судовите, податоци ќе бидат внесени во кривичната евиденција кога лице од Финска е казнето со казна затвор која не е условна; општокорисна работа; условна казна затвор; условна казна затвор надополнета со парична казна, општокорисна работа или надзор; казна за малолетник; парична казна наместо казна за малолетник; или отпуштање од работа; или кога казнувањето било повлечено согласно глава 3, член 4, од Казнениот законик (39/1889). Меѓутоа, нема да се внесе ништо во кривичната евиденција при замена на парични казни за казна затвор или казна затвор изречена согласно Законот за граѓанска служба (1723/1991). Податоци за парични казни изречени врз основа на одредби кои раководат со корпоративната кривична одговорност ќе бидат внесени во кривичната евиденција
Конечно, информациите ќе се внесуваат во кривичната евиденција согласно Указ, по судски одлуки кога финскиот државјанин или странец со постојан престој во Финска е казнет во странство со казна еднаква на тие што се спомната во став (1).“
III. МЕЃУНАРОДНИ И ЕВРОПСКИ СТАНДАРДИ
54. Во информациите достапни за Судот во врска со меѓународните и европските стандарди посебните упатувања за однесувањето на новинарите за време на демонстрациите сè уште се оскудни. Меѓутоа, некои прописи или препораки постоеле со кои се регулирало однесувањето на полицијата кон новинарите кои известуваат од демонстрации или слични настани кога исто така постои обврска кај новинарите да се воздржат од попречување на полицијата во одржувањето на јавниот ред и безбедност.
55. На пример насоките подготвени од Канцеларијата на Демократските институции и човековите права („ОДИХР“) на Организацијата за соработка и безбедност во Европа („ОБСЕ“) и Европската комисија за демократија низ правото („Венецијанската комисија“) (види OSCE/ODIHR/Venice Commission Guidelines on freedom of peaceful assembly (второ издание), подготвени од Панелот за слобода за собирање на ОБСЕ/ОДИХР и од Венецијанската комисија, усвоени од Венецијанската комисија на нејзината 83-та пленарна сесија (Венеција, 4 јуни 2010)) го предвидува следново:
„168. Доколку се смета дека е неопходно да се растераат лицата, организаторот на собирот и учесниците треба јасно и гласно да бидат информирани пред каква било интервенција од страна на персоналот на органите на прогонот. Учесниците исто така треба да добијат разумно време за да се разотидат доброволно. Само ако учесниците не се разотидат полицијата може дополнително да интервенира. И од трети страни (како што се набљудувачите, новинарите и фотографите) исто така може да се побара да се распрснат, но тие не треба да бидат спречени да ја следат и снимаат полициската операција ...
169. Фотографии и видео снимки (од органите на прогонот и учесниците) не треба да бидат ограничени, но земањето на податоци може да претставува повреда на правото на приватен живот: За време на јавните собири фотографирање или видео снимки од учесници од страна на персоналот на органите на прогонот е дозволено. Меѓутоа, иако набљудувањето на поединци на јавни места заради идентификација неопходно не поттикнува мешање во нивното право на слободен живот, евидентирањето на таквите податоци и систематската обработка или постојаната природа на евиденцијата може да поттикне повреда на приватноста. Исто така фотографирањето или снимањето на собири заради собирање на информации може да ги обесхрабри поединците од уживање на слободата и затоа не треба да се прави рутински. Фотографирање или видео запис од операцијата на полицијата од страна на учесниците и други трети страни не треба да се спречат и секое барање да го предадат филмот или дигитално снимените слики или снимки на органите на прогонот треба да подложи на претходна судска проверка. Органите на прогонот треба да развијат и објават политика за нивното користење на отворено снимање/фотографирање на јавни собири.“
56. Европските и меѓународните прописи, стандарди, препораки или јавни најави во врска со однесувањето на новинарите се главно тивки што се однесува до известувањето од демонстрации или слични настани. Истото важи и за саморегулаторните кодекси на однесување или професионална етика на новинарите.
IV. КОМПАРАТИВНО ПРАВО
57. Од информациите достапни на Судот, вклучително и прегледот на законите во триесет и четири земји-членки на Советот на Европа (Австрија, Азербејџан, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Чешка, Естонија, Франција, Грузија, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Летонија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, поранешната Југословенска Република Македонија, Молдавија, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Русија, Србија, Словачка, Словенија. Шпанија, Шведска, Швајцарија, Украина и Обединетото Кралство), произлезе дека сите испитани држави применувале одредби од кривичното право за новинарите кои известувале од демонстрации. Нема посебен статус во врска со апсењето, притворот и осудувањето на новинарите. Припадниците на медиумите затоа остануваат одговорни за дела извршени од нивна страна за време на демонстрации на ист начин како учесниците во демонстрациите. Иако судска пракса слична на овој случај била пронајдена во пет од државите кои биле предмет на истражувањето - Австрија, Унгарија, поранешната Југословенска Република Македонија, Шпанија и Шведска – тоа не дозволило да се извлечат некакви општи заклучоци.
58. Во врска со полициските овластувања, големо мнозинство од државите кои биле предмет на истражувањето не го регулирале конкретното прашање на собирање на вести за време на насилни демонстрации. Општите насоки или регулатива од која се води полицијата и односите со медиумите биле утврдени во дванаесет земјите-членки (Белгија, Бугарија, Германија, Грција, Унгарија, Луксембург, Молдавија, Холандија, Русија, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство), при што како општо правило, припадниците на медиумите кои известуваат од настаните биле охрабрени да се идентификуваат како такви за да се прави разлика меѓу нив и учесниците. Меѓутоа, иако ова издвојување на припадниците на медиумите било насочено кон овозможување и олеснување на новинарска активност тоа немало ефект во однос на доделувањето на некаков имунитет за новинарите кога не се придржувале на полициските наредби да го напуштат местото на демонстрациите. Само ограничен број на земји-членки (Грузија, Молдавија, Русија и Србија) се осврнале на прашањето на собирање на вести за време на демонстрациите во рамки на посебна регулатива. Во овие земји-членки, новинарите добивале или заштитени простори од каде можеле да известуваат за демонстрациите што биле во тек или биле информирани за најбезбедните места каде можеле да ја спроведат својата активност. Сепак, општата рамнотежа на интересите се чини дека е постигната во корист на заштита на јавниот ред и безбедност преку следење на полициските инструкции.
59. Иако голем број на земји-членки кои биле предмет на истражувањето имале професионални кодекси на однесување или етички кодекси за новинарите, и тие не содржеле посебни одредби во врска со односот меѓу новинарите и полицијата за време на демонстрации. Овие закони повеќе се фокусирани на истражните техники и новинарските извори, како и заштитата на приватноста на трети страни.
ПРАВОТО
НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 10 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
60. Жалителот се жалел во однос на членот 10 од Конвенцијата дека неговата слобода на изразување била повредена. Членот 10 од Конвенцијата го вели следново:
„1. Секој човек има право на слобода на изразувањето Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.
2. Остварувањето на овие слободи, коишто вклучуваат обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.“
А. Пресудата на Судскиот совет
61. Судскиот совет сметаше бидејќи апсењето и осудувањето на жалителот биле последица на неговото однесување како фотограф и новинар кој работел за весник кога не ја почитувал полицијата, претпоставката била дека имало мешање во неговото право на слобода на изразување. Судскиот совет понатаму одлучи дека странките се согласиле дека оспорените мерки имала основа во финското право, особено во Глава 16, член 4 од Казнениот законик. Мешањето оттука било „пропишано со закон“ и се водело од неколку легитимни цели, имено заштита на безбедноста на јавноста како и спречувањето на немири и криминал.
62. Што се однесува до неопходноста во едно демократско општество, Судскиот совет забележа дека жалителот се откажал од своето право да го користи посебниот и обезбеден простор за медиумите кога одлучил да остане со демонстрантите дури и после наредбите за растурање. Било утврдено дека жалителот бил свесен за наредбите на полицијата да се напушти местото, но дека одлучил да ги игнорира. Жалителот можел да го напушти местото и да се префрли во безбедниот простор за печатот, без никакви последици во било кое време додека траело запечатувањето на областа. Со тоа што не постапил така жалителот свесно презел ризик да биде уапсен за непослушност.
63. За Судскиот совет не било сосема јасно во која фаза полицијата дознала дека жалителот бил новинар. Се чини дека жалителот не успеал да направи јасни напори да се идентификува како новинар. Исто така не се чини дека жалителот на било каков начин бил спречен да ги слика демонстрациите. Ниту пак дека апаратот или останатата опрема му биле конфискувани, а дека му било дозволено да ги задржи сите фотографии што ги сликал и да ги користи без ограничување.
64. Судскиот совет сметал дека демонстрациите биле прашање на легитимен јавен интерес, земајќи ја во предвид особено нивната природа. Окружниот суд го анализирал прашањето од аспект на членот 10, балансирајќи различни интереси едни наспроти други, и утврдил дека постоела итна општествена потреба да се преземат оспорените мерки против жалителот. Судскиот совет исто така придал тежина на фактот дека никаква казна не му била изречена на жалителот со оглед дека неговото дело било сметано дека „можело да се прости“ од домашните судови. Со оглед на сите фактори, Судскиот совет сметал дека домашните судови постигнале правична рамнотежа меѓу спротивставените интереси во прашање. Соодветно на тоа немало повреда на членот 10 од Конвенцијата.
Б. Изјаснување на странките
1. Жалителот
65. Жалителот тврдеше дека имало мешање во неговото право на слобода на изразување бидејќи полицијата му кажала да го напушти местото на демонстрациите, бил уапсен и не можел за време на притворот од 17,5 часа да известува, а бидејќи бил осомничен, обвинет и осуден за кривично дело и тоа имало „ефект на ладење“ во однос на неговите права и работа.
66. Во однос на тоа дали мешањето било пропишано со закон жалителот тврдеше дека полицијата го надминала своето законско овластување или го злоупотребила своето дискреционо право во неколку различни фази. Најпрво, несразмерноста на категоричната наредба на полицијата за масата да се разотиде покажала дека не било тоа во согласност со финското право. Полициската одлука да ги третира демонстрациите како немири исто така било под знак прашање со оглед дека опсегот на агресивното однесување било релативно ограничено и вклучувало само неколку поединци.
Второ, притворањето на жалителот било незаконско, бидејќи траело преку ноќ и околу 17.5 часа. Уапсените лица требале да бидат ослободени колку што е можно поскоро, но не подоцна од 12 часа откако биле уапсени. Полицијата ќе можела да го држи во апс подолго од 12 часа само ако бил осомничен за учество во нереди. Полицијата најпрво го уапсила жалителот за непослушност во однос на полицијата, но подоцна според жалителот причината за неговото апсење била сменета со учество во немири. Бидејќи жалителот очигледно не ни учествувал во демонстрациите, неговото однесување не можело да одговори на дефиницијата за учество во немири. Затоа полицијата немала доволна причина да го уапси и тој требал да биде ослободен веднаш или во рок од 12 часа најдоцна. Исто така жалителот требал да биде испитан или интервјуиран без одлагање бидејќи испитување можело да се направи и меѓу 22.00 и 7.00 часот доколку осомничениот го побарал тоа или ако постоела друга итна причина.
67. Жалителот исто така сметал дека реалното кривично осудување не се засновало на закон, бидејќи тој не бил свесен дека можел да биде сметан за виновен за прекршок со тоа што продолжил да фотографира во делот што бил одделен со кордон. Бидејќи домашните судови не успеале да дадат образложение во своите пресуди, прашањата на законитоста не биле оценети од нив. Затоа, жалителот се држел до тоа дека мешањето од страна на полицијата, обвинителот и домашните судови немало основ во финското право.
68. Жалителот бил подготвен да прифати дека мешањето можело да се води од легитимна цел.
69. Што се однесува до неопходноста, жалителот посочил дека неговата задача била да даде информации за демонстрациите во разумен рок. Тој работел и на посуштинска приказна за однесувањето на секоја од страните за време на демонстрациите и требал да објави информации за демонстрациите онлајн веднаш после нивното завршување. Жалителот тврдел дека немало посебен и безбеден простор за новинарите на местото каде што биле демонстрациите. Тој стапил во контакт со сите медиумски организации и открил дека ниеден од новинарите што биле присутни на лице место не добиле информација да се префрлат во обезбедениот простор и никој всушност не видел таков простор. Погледот од надвор внатре во делот што бил издвоен со кордон бил блокиран од густ и повеќеслоен ред на полициските службеници, мини автобуси и автобуси. Во 19.15 часот полицијата одвоила со кордон уште поголем простор, поради што станало уште потешко да се следат настаните. Не можело да постои безбеден простор за новинарите бидејќи на почетокот демонстрацијата требала да биде марш и затоа статичко место за печатот немало да ѝ послужи на целта. Дури и да имало таков простор, неговата употреба требала да биде по избор бидејќи државните власти не биле тие што требале да одлучат од кој агол новинарите требале да известуваат за настанот.
70. Жалителот понатаму тврдеше дека тврдењето дека тој не се претставил како новинар било спротивно на здравиот разум. Тој околу вратот носел новинарски беџ што било потврдено и од сведок пред Окружниот суд. Тој носел два апарати од тип кој во 2006 година биле користени само од професионални новинари и торба за фотоапарати. Од извештајот од претпретресната истрага се чини дека жалителот се идентификувал себеси како новинар на полицаецот што го уапсил. На крајот од демонстрациите жалителот се наоѓал меѓу демонстрантите и полициската линија, и со тоа бил јасно одделен од првите. Во ова време ситуацијата била мирна и под контрола на полицијата. Откако демонстрантите биле приведени, еден полицискиот службеник викнал „Фатете го фотографот“ и жалителот бил уапсен додека сликал. Кога бил во полициската ќелија, тој активно им викал на полициските службеници што поминувале дека бил новинар.
71. Жалителот тврдел дека неговиот притвор од 17,5 часа бил несразмерен. Полицијата можела да го ослободи уште на лице место или барем во рок од 12 часа. Снимката што жалителот ја направил за време на демонстрациите веќе била „стара“ до времето на неговото ослободување. Полицијата ги ослободила малолетниците после неколку часа притвор и жалителот исто така можел да биде ослободен тогаш. Полицијата исто така можеле да ја прекинат претпрестапната истрага во неговиот случај и обвинителот можел да го повлече обвинението против него. Меѓутоа државата сметала дека е важно на жалителот да му се суди и евентуално да се осуди за непослушност. Државата го осудила за тоа што си ја вршел работата, иако веќе страдал од последиците од конкретните дејствија на полицијата. Пресудата на Окружниот суд и времетраењето на неговиот притвор ќе имале јасен „ефект на ладење“ по работата на новинарите. Домашните судови не процениле дали мешањето имало „итна општествена потреба“. Окружниот суд не ги избалансирал спротивставените интереси како што треба, туку чисто кажал дека прекинот на демонстрациите со наредба до масата да се разотиде била неопходна. Тој не ја проценил природата на „итната општествена потреба“ да се отстрани жалителот од сцената. Исто така не успеал да ја земе во предвид судската пракса на Судот според која таквата пресуда ќе имала „ефект на ладење“ во новинарството.
2. Владата
72. Владата се согласи со заклучокот на Судскиот совет во смисла дека немало повреда на членот 10 од Конвенцијата во актуелниот случај.
73. Според гледиштето на Владата немало мешање во правото на жалителот на слобода на изразување. Тие забележале дека полицијата не го спречила жалителот да известува од настанот. Причина за апсењето на жалителот не биле неговите постапки како фотограф, туку фактот дека тој во повеќе наврати не успеал да почитува доследни и јасни полициски наредби да го напушти местото на настанот. Полициските наредби се однесувале на сите на местото. Доказите исто така покажале дека полициски службеник директно му наредил лично на жалителот да го напушти местото после што тој го консултирал својот надреден за тоа дали да остане и покрај полициските наредби да не остане. На жалителот не му било наредено да престане да слика во ниеден момент, дури и од многу блиску сè до неговото апсење. Веднаш штом полицијата открила дека жалителот бил претставник на печатот неговиот фотоапаратот, мемориските картички и другата опрема веднаш биле третирани како новинарски извори и не биле конфискувани. Тој можел да се ги задржи фотографиите и никакви ограничувања во однос на употребата на фотографиите не му биле изречени од ниеден орган во ниедна фаза. Жалителот бил седмото притворено лице кое било испрашано и шестото што било ослободено од 81 лице задржани за распит следниот ден. Откако биле ослободени малолетниците, полицијата своето внимание го насочила кон жалителот колку што било можно поскоро.
74. Владата понатаму посочила дека ниедна од домашните постапки во врска со жалителот, ниту актуелните постапки пред Судот не се однесувале на постапките на жалителот како фотограф. Прашањето овде повеќе се однесувало на неговите дејствија како дел од маса која систематски - откако била советувана, се апелирало до неа и на крај и било наредено да се разотиде – одбиле да ја послушаат полицијата. Од овие причини домашните судови одлучиле дека жалителот бил виновен за непослушност кон полицијата. Исто така Окружниот суд одлучил да не му изрече казна на жалителот затоа што сметал дека жалителот самиот си се нашол во конфликтна ситуација. Тој требал да одлучи од една страна дали да се придржува на очекувањата што му ги наметнувал законот и полицијата, или од друга страна на очекувањата што си ги наметнал тој самиот и неговиот работодавец кој го испратил да известува од настанот и кој го посоветувал да остане на местото откако лично му било наредено да замине. Со оглед на разбирливиот проблем, Окружниот суд го сметал одбивањето на жалителот да ја послуша полицијата за споредливо со „дело што кое може да се прости“.
75. Од друга страна доколку Судот одлучи дека имало мешање во правото на жалителот на слобода на изразување, Владата тврдела дека мешањето било „пропишано со закон“. Мешањето исто така се водело од неколку легитимни цели, имено заштита на јавната безбедност како и спречувањето на немири и криминал, како што утврдил Судскиот совет.
76. Што се однесува до неопходноста во едно демократско општество, Владата се согласи со наодот на Судскиот совет дека домашните судови постигнале правична рамнотежа меѓу спротивставените интереси во прашање. Тие забележале дека припадниците на медиумите можеле да известуваат и да го фотографираат настанот до самиот негов крај, дури и од голема близина на полицијата. Исто така постоел посебен простор за претставниците на медиумите. Меѓутоа, ескалацијата на насилството на местото на настанот на Смеш АСЕМ резултирало со пристигање на повеќе полициски возила поради што некои го блокирале погледот од безбедниот простор на делови од местото на настанот. Неспорно било дека жалителот лично ги чул полициските наредби за растурање уште во 20.30 часот и дека видел луѓе како се упатиле кон излезите. Околу 21 часот кога полицијата ги дала последните наредби за растурање, имало уште двајца други фотографи на местото, но тие си заминале од таму околу 21.15 часот. Никакви мерки не биле преземени врз нив во ниеден момент. Полициските наредби биле дадени со цел да се смири состојбата, да се врати јавниот ред и, особено, да се обезбеди јавната безбедност. Кога во 21.15 часот полицијата му наредила на жалителот да замине од местото тој одбил велејќи дека како фотограф таа наредба не се однесувала на него. Во тоа време припадниците на масата кои дале отпор биле уапсени и настанот завршил. Неколку минути подоцна полицијата го уапсила жалителот, бидејќи било јасно дека бил решен да не ја послуша полицијата. Бидејќи жалителот по телефон се консултирал со својот претпоставен, барајќи совет за тоа дали да остане или да замине, тој очигледно сфатил дека полициските наредби се однесувале и на него. Окружниот суд исто така сметал дека било утврдено дека полициските наредби јасно се однесувале на сите, оттука апсењето на жалителот не можело да го изненади.
77. Владата забележала дека целта на апсењето на жалителот не била да биде попречена неговата слобода на изразување, туку да го истражи делото за кое бил осомничен дека го извршил. Тој можел да ги искористи сите фотографии што ги сликал на настанот. Апсењето на жалителот и притворот оттука биле оправдани, неопходни и сразмерни со оглед дека полицијата реагирала на насилни демонстрации на кои постоел ризик од дополнително насилство и прекин. Наводното попречување оттука било неопходно во едно демократско општество.
78. Владата ја нагласи важноста на еднаквиот третмани и еднаквоста пред законот како што биле гарантирани од Уставот на Финска и членот 14 од Конвенцијата. Тие се држеле до тоа дека жалителот немал право на посебен или различен третман споредено со другите од масата кои биле на местото на демонстрациите. Наредбите на полицијата биле дадени без дискриминација што се однесува до статусот или професијата, и не биле насочени кон спречување на професионалната активност на жалителот. Целта на полицијата била да ја смири ситуацијата и да го врати јавниот ред. Исто така, Окружниот суд утврдил дека жалителот не ја покажал својата новинарска легитимација на полицаецот што го уапсил или на полицискиот службеник што го примил во полициската станица. Тој ја покажал само во автобусот со кој бил префрлен во полициската станица. Самиот жалител напишал во својот напис за настанот дека почнал да го носи новинарскиот беџ дури откако бил притворен. Затоа дискреционото право на државата при оценувањето на сразмерноста на мерките кои наводно го прекршиле правото на жалителот на слобода на изразување не биле предмет со оглед дека жалителот не направил јасни напори да се идентификува како новинар.
79. Конечно, Владата тврдеше дека никаков „ефект на ладење“ не можело да се поврзе со овој случај. Жалителот не бил притворен и осуден за неговите активности како новинар, туку за систематско одбивање да ги послуша јасните наредби на полицијата. Неколку други новинари кои биле присутни на настанот не се одлучиле да не ги послушаат наредбите на полицијата. Никакви санкции не биле изречени против жалителот бидејќи Окружниот суд сметал дека неговите активности биле споредливи со „акт што можел да се оправда“. Ниту пак му било наредено да ги плати судските трошоци.
В. Оценка на Судот
1. Опсегот на случајот пред Големиот судски совет
80. Во своето писмено изјаснување пред Големиот судски совет жалителот тврдеше дека неговиот притвор бил незаконски бидејќи траел преку ноќ и траел околу 18 часот. Тој тврдеше дека со оглед дека полицијата немала доволно предуслови за апсење, тој требал да биде ослободен барем во рок од 12 часа после апсењето. Заради оваа причина тоа што неговиот притвор надминал 12 часа не било „пропишано со закон“ (види параграф 66 горе). Владата не коментираше по оваа жалба.
81. Според постојаната судската пракса на Судот „случајот“ упатен на Големиот судски совет е жалбата која била прогласена за допуштена од Судскиот совет (види, меѓу другите извори, K. and T. v. Finland [GC], no. 25702/94, § 141, ECHR 2001‑VII). Жалителот ја поднел жалбата дека неговиот притвор бил незаконски заради тоа што надминал 12 часа за првпат во своето изјаснување пред Големиот судски совет. Судскиот совет, кога ја разгледувал потреба од мешање во правото на жалителот согласно членот 10, го зел во предвид аргументот на Владата дека времетраењето на притворот на жалителот од околу 18 часа било објаснето со фактот дека тој бил притворен доцна ноќта, а домашното право забранувало испрашување меѓу 22.00 навечер и 7.00 часот наутро (види параграф 48 од пресудата на Судскиот совет). Меѓутоа, жалителот не се жалел пред Судскиот совет дека неговиот притвор кој траел подолго од 12 часа бил незаконски. Оваа жалба не била дел од жалбата за која Судскиот совет одлучувал дека е допуштена и затоа е надвор од опсегот на проверката од страна на Големиот судски совет. Судот затоа ќе го ограничи своето разгледување на жалбата на жалителот во делот во кој била прогласена за допуштена од Судскиот совет, имено дека неговото апсење, притвор и осудување вклучувале неоправдано мешање во ова право на слобода на изразување како што било гарантирано со членот 10 од Конвенцијата.
2. Дали имало мешање
82. Владата пред сè тврдеше дека немало мешање во правото на жалителот на слобода на изразување во овој случај.
83. Жалителот бил уапсен од полицијата во контекст на демонстрацијата, задржан околу 18 часа и подоцна бил обвинет и прогласен за виновен од домашните судови за тоа што не ја послушал полицијата. Меѓутоа не му била изречена никаква казна, бидејќи делото се сметало за „дело кое можело да се прости“. Дури и ако оспорените мерки не биле насочени кон жалителот како новинар, туку биле последица од тоа што не се придржувал на наредбите на полицијата за растурање, упатени кон сите оние што биле во просторот ограден со кордон, неговото практикување на новинарските функции било негативно погодено бидејќи бил присутен на местото како фотограф на весник со цел да извести за настаните. Затоа Судот прифаќа дека постоело мешање во неговото право на слобода на изразување (види, mutatis mutandis, Gsell v. Switzerland, no. 12675/05, § 49, 8 October 2009).
3. Дали мешањето било пропишано со закон
84. Судот забележува дека изразот „пропишано со закон“ во рамки на значењето на членот 10 § 2 од Конвенцијата не само што бара оспорената мерка да има правна основа во домашното право, туку исто така упатува и на квалитетот на правото во прашање, кое треба да е достапно за засегнатото лице и предвидливо во однос на неговите последици (види, меѓу другите извори, Centro Europa 7 S.r.l. and Di Stefano v. Italy [GC], no. 38433/09, § 140, ECHR 2012; и Rotaru v. Romania [GC], no. 28341/95 , § 52, ECHR 2000-V).
85. Странките не се согласуваат дали мешањето било „пропишано со закон“ или не: Судот забележува дека главниот аргумент на жалителот се однесува на наводната незаконитост на неговиот притвор што се однесува до надминувањето на 12 часа, прашање кое исто така е надвор од опсегот на случајот пред Големиот судски совет (види параграф 81 горе). За остатокот, се чини од изјаснувањата на жалителот дека тој, како таков, не тврдел дека неговото апсење, притвор и осудување немале правна основа во финското право, туку повеќе како релевантните одредби од домашното право биле применети од националните власти и судовите во неговиот случај. Меѓутоа, од примарна важност за националните власти, имено судовите, е да го толкуваат и применуваат домашното право (види Kopp v. Switzerland, 25 March 1998, § 59, Reports of Judgments and Decisions 1998-II; и Kruslin v. France, 24 April 1990, § 29, Series A no. 176-A). Ниеден од аргументите на жалителот не дава никаква индикација дека домашните власти го примениле законот на своеволен начин. Судот затоа е задоволен дека мешањето на кое се жалел и кое го вклучувало апсењето, притворот и осудувањето на жалителот имало правна основа во финското право, имено во членот 19 од Законот за полиција, во Глава 1, член 2 став 2 од Законот за мерки на присила и во Глава 16, член 4 од Казнениот закон. Судот затоа заклучува дека мешањето било „пропишано со закон“.
4. Дали мешањето се водело од легитимна цел
86. Не било оспорено дека мешањето се водело од неколку легитимни цели во рамки на значењето на членот 10 § 2 од Конвенцијата, имено заштитата за јавна безбедност и спречување на немири и криминал.
5. Дали мешањето било неопходно во едно демократско општество
(а) Општи принципи
87. Општите принципи во врска со потребата од мешање во слобода на изразување биле сумирани во случајот Штол против Швајцарија (Stoll v. Switzerland [GC] (no. 69698/01, § 101, ECHR 2007‑V)) и биле повторени неодамна во случајот Меѓународни бранители на животните против Обединетото Кралство (Animal Defenders International v. the United Kingdom [GC], no. 48876/08, § 100, ECHR 2013 (извадоци)) и во Морис против Франција (orice v. France [GC], no. 29369/10, § 124, 23 April 2015):
„(i) Слободата на изразување претставува еден од суштинските темели на едно демократско општество и еден од основните услови за негов напредок и за самоисполнетост на секоја една личност. Предмет на ставот 2 од членот 10, ова се применува не само за ‘информации’ или ‘идеи’ кои се примаат со наклонетост или се сметаат за ненавредливи или како нешто кон кои луѓето се индиферентни, туку исто така и за оние кои навредуваат, шокираат или вознемируваат. Такви се барањата на плурализмот, толеранцијата или широкоградоста без што нема „демократско општество“. Како што е поставено во член 10 оваа слобода подложи на исклучоци, кои ... сепак мора да бидат толкувани строго, а потребата за некакви ограничувања мора да се утврди на убедлив начин.
(ii) Придавката ‘потребно’ во рамките на значењето на членот 10 § 2 значи постоење на ‘итна општествена потреба’. Државите договорнички имаат одредено дискреционо право во оценувањето дали таквата потреба постои, но таа оди рака под рака со европскиот надзор, опфаќајќи ги законодавството и одлуките што ги применуваат, дури и оние усвоени од независен суд. Затоа Судот е овластен да ја даде конечната пресуда за тоа дали ‘ограничувањето’ може да се помири со слободата на изразување како што е заштитена со членот 10.
(iii) Задача на судот, во извршувањето на својата надзорна јуриздикција, не е да го заземе местото на надлежните национални органи туку повеќе да ги разгледа согласно членот 10 одлуките што ги усвоиле согласно нивното дискреционо право. Ова не значи дека надзорот е ограничен на утврдување дали тужената држава го остварила своето дискреционо право на разумен и внимателен начин и со добра намера; она што Судот треба да го направи е да се осврне на попречувањето на кое се жалат во контекст на случајот како целина и да утврди дали било ‘сразмерно на легитимната цел кој се сака да се оствари’ и дали причините изнесени од националните власти за негово оправдување се ‘релевантни и доволни’ ... При тоа Судот мора да се задоволи дека националните власти примениле стандарди кои биле усогласени со принципите отелотворени во членот 10 и уште повеќе дека се потпирале на прифатлива оценка на релевантни факти ...“
Оваа заштита на членот 10 се однесува не само на суштината на идеите и информациите што се изразени туку исто така и на формата во која биле пренесени (Jersild v. Denmark, 23 September 1994, § 31, Series A no. 298).
88. Судот понатаму ја нагласува суштинската функција што медиумите ја исполнуваат во едно демократско општество. Иако тие не смеат да надминат одредени граници, нивната должност е сепак да пренесат – на начин доследен на нивните обврски и одговорности – информации и идеи за сите прашања од јавен интерес (види Bladet Tromsø and Stensaas v. Norway [GC], no. 21980/93, § 59, ECHR 1999-III; De Haes and Gijsels v. Belgium, 24 February 1997, § 37, Reports of Judgments and Decisions 1997‑I; и Jersild v. Denmark, цитиран горе, § 31). Не само што медиумите имаат задача да даваат такви информации и идеи, јавноста исто така има право да ги добие (види The Sunday Times v. the United Kingdom (no. 1), 26 April 1979, § 65, Series A no. 30).
89. Во врска со ова (и упатувајќи на фактите на актуелниот случај), мора да се нагласи клучната улога на медиумите во обезбедувањето на информации за тоа како властите се справиле со демонстрациите и сузбивањето на нереди. Улогата на медиумите како „куче чувар“ има посебна важност во таков контекст бидејќи нивното присуство е гаранција дека властите можат да се сметаат за одговорни за нивното однесување vis-à-vis демонстрантите и јавноста како целина кога се работи за одржување на редот на големи собири, вклучително и методите што се корисни за контрола или растерување на тие што протестираат или за зачувување на јавниот ред. Затоа секој обид да се отстранат новинари од местото на демонстрации мора да подложи на строга анализа.
90. Судот исто така повторува дека заштитата што им ја обезбедува членот 10 од Конвенцијата на новинарите подложи на услов дека тие делуваат со добра волја за да се обезбедат точни и веродостојни информации во согласност со принципите на одговорно новинарство (види, mutatis mutandis, Bladet Tromsø and Stensaas v. Norway [GC], цитиран горе, § 65; Fressoz and Roire v. France [GC], no. 29183/95, § 54, ECHR 1999‑I; Kasabova v. Bulgaria, no. 22385/03, §§ 61 and 63-68, 19 April 2011; и Times Newspapers Ltd v. the United Kingdom (nos. 1 and 2), nos. 3002/03 and 23676/03, § 42, ECHR 2009). Во судската пракса на Судот концептот на одговорно новинарство до сега се фокусираше главно на прашања поврзани со содржините на објавување и давање усни изјави (види, на пример, Bladet Tromsø and Stensaas v. Norway [GC], цитиран горе, §§ 65-67; Fressoz and Roire v. France [GC], цитиран горе, §§ 52-55; Krone Verlag GmbH v. Austria, no. 27306/07, §§ 46-47, 19 June 2012; Novaya Gazeta and Borodyanskiy v. Russia, no. 14087/08, § 37, 28 March 2013; Perna v. Italy [GC], no. 48898/99, § 47, ECHR 2003‑V; Times Newspapers Ltd v. the United Kingdom (nos. 1 and 2), цитиран горе, § 45; Ungváry and IrodalomKft v. Hungary, no. 64520/10, § 42, 3 December 2013; и Yordanova and Toshev v. Bulgaria, no. 5126/05, §§ 53 and 55, 2 October 2012)
Меѓутоа, концептот на одговорно новинарство како професионална активност која ја ужива заштитата на членот 10 од Конвенцијата, не е ограничен на содржините на информациите кои се собрани и/или се шират преку новинарски средства. Тој концепт исто така ја опфаќа меѓу другото законитоста на однесувањето на новинарот, вклучително и релевантно за актуелниот случај, неговата јавна интеракција со властите кога ги врши новинарските функции. Фактот дека новинар прекршил законот во врска со тоа е најрелевантно, иако не пресудно, размислување кога се утврдува дали тој или таа дејствувале одговорно.
91. Судот повторува во овој контекст дека новинарите кои ја остваруваат својата слобода на изразување преземаат „должности и обврски“ (види Stoll v. Switzerland [GC], цитиран горе, § 102; и Handyside v. the United Kingdom, 7 December 1976, § 49 in fine, Series A no. 24). Во врска со ова се потсетуваме дека став 2 од членот 10 не гарантира целокупна неограничена слобода на изразување дури и во однос на известувањето на медиумите за прашања што предизвикуваат сериозна јавна загриженост. Особено и без разлика на виталната улога што ја играат медиумите во едно демократско општество, новинарите не можат во принцип да бидат ослободени од својата обврска да го почитуваат обичното кривично право врз основа на тоа дека како новинари, членот 10 им дава челична одбрана (види, меѓу другите извори, mutatis mutandis, Stoll v. Switzerland [GC], цитиран горе, § 102; Bladet Tromsø and Stensaas v. Norway [GC], цитиран горе, § 65; и Monnat v. Switzerland, no. 73604/01, § 66, ECHR 2006-X). Со други зборови, еден новинар не може да бара ексклузивен имунитет од кривична одговорност од чиста причина дека, за разлика од други поединци кои го остваруваат правото на слобода на изразување, делото во прашање било извршено за време на извршувањето на својата новинарска функција.
(б) Примена на општите принципи во случајот на жалителот
92. Судот забележува дека жалителот бил уапсен, задржан, обвинет и прогласен за виновен за непочитување на полицијата. Неговото апсење се случило во контекст на Смеш АСЕМ демонстрациите во кои тој учествувал како фотограф и новинар за неделното списание Суомен Кувалехти. Не е спорно дека демонстрациите привлекле значително медиумско внимание.
93. Наспроти многуте други случаи изнесени од новинари во однос на членот 10 од Конвенцијата, вклучително Штол и други случаи на кои се упатува во параграфите 87-91, горе, актуелниот случај не се занимава со забраната на објавување (јавно обелоденување на одредени информации) или некакви санкции изречени во однос на објавеното. Она што е во прашање во овој случај се мерките што се преземени против новинар кој не се придржувал на полициските наредби додека сликал за да известува од демонстрации кои станале насилни.
94. Кога се оценува дали мерките преземени против жалителот од страна на финските власти биле неопходни, Судот ќе има на ум дека интересите кои требале да бидат измерени во овој случај се јавни по природа, имено интересите на полицијата во одржување на јавниот ред во контекст на насилните демонстрации и интересот на јавноста да добие информации по прашање од општ интерес (види, mutatis mutandis, Stoll v. Switzerland [GC], цитиран горе, §§ 115-116). Тој ќе го разгледа апсењето, притворот и осудувањето на жалителот за да утврди дали оспореното мешање, видено како целина, било поддржано од релевантни и доволни причини и било сразмерно на легитимните цели од кои се воделе.
(i) Апсење на жалителот
95. Во врска со апсењето на жалителот, Судот ќе обрне внимание дали полициските наредби се засновале на разумна оценка на фактите и дали жалителот можел да известува за демонстрацијата. Исто така ќе го земе во предвид однесувањето на жалителот, вклучително и дали тој се идентификувал како новинар.
96. Кога демонстрациите започнале, клучна група од околу 50 демонстранти, околу 500 набљудувачи и околу 50 новинари, вклучително жалителот биле собрани на појдовната точка за маршот. Кога демонстрацијата станала насилна полицијата најпрво ја спречила масата од марширање, но дозволила мирна демонстрација да се одржи на местото. Подоцна полицијата го затворил просторот каде се одржувала демонстрацијата и ѝ наредила на масата да се разотиде. Полицијата направила безбедносни подготовки за настанот со тоа што распоредила 480 полициски и гранични службеници. Полицијата имала добра причина да очекува дека, врз основа на проценката на ризикот на Финската безбедносна и разузнавачка служба и нивното претходно искуство со насилство што се случиле истата година, како и со оглед на тонот на постерите кои ја повикувале јавноста „дури и да предизвика малку неред и на улиците на Хелсинки“ и анонимноста на организаторот на демонстрацијата (види параграфи 12-16 горе), истите можеле да станат насилни. Последователно Окружниот суд одлучил дека полициската акција била законска и дека полицијата имала оправдани причини да наредат да се разотидат (види параграф 37 горе). Затоа Судот не гледа причина да се сомнева дека полициските наредби се засновале на разумна оценка на фактите. Исто така според гледиштето на Судот, превентивни мерки против веројатноста од настаните да станат насилни, вклучително полициските наредби да го напуштат местото на демонстрациите, биле оправдани. Мерките биле водени не само од „апстрактната “ заштита на јавниот ред – заштитата на јавната безбедност како и спречување на нереди и криминал – туку исто така и од безбедноста на поединците на и во близина на демонстрациите, вклучително и припадниците на медиумите, а оттука и самиот жалител.
97. Судот ќе испита дали жалителот на некаков начин бил спречен да си ја врши својата работа како новинар во текот на настанот Смеш АСЕМ. Странките не се согласуваа дали постоел безбеден простор за новинарите или не. Меѓутоа се чини дека повеќето новинари, околу педесетмина од нив на почетокот од демонстрациите, останале во просторот за демонстрации. Властите во ниеден момент од настаните не побарале ниту од нив ниту од жалителот да го користат посебниот простор резервиран за печатот. Понатаму, демонстрациите биле од таков карактер – првично предвидени како марш долж маршутата – што насилни настани можеле и всушност се случиле во „непредвиден“ простор. Во таква ситуација не постоела никаква можност за властите да обезбедат однапред простор блиску до таквите настани. Последователно, за Судот не е одлучувачко дали таквиот безбеден простор постоел, со оглед дека сите новинари се чини дека биле во просторот за демонстрации и можеле слободно да работат таму. Затоа не може да се каже дека жалителот како таков бил спречен да известува за настанот. Напротив, тој можел да слика за време на целата демонстрација до самиот момент кога бил уапсен. Ова јасно се гледа на пример од снимките на ДВД направени од демонстрацијата, како и од фактот дека последната фотографија што жалителот ја направил била од полицискиот службеник што го уапсил.
98. Ако се осврнеме на однесувањето на жалителот, Судот забележува дека тој бил уапсен во просторот кој бил заграден со кордон каде тој бил заедно со главната група на демонстранти кои се држеле за раце. Се чини од ДВД снимките дека жалителот бил облечен во црна облека, што кореспондирало на сугерираната облека за демонстрантите. Тој не носел никаква облека или други ознаки по кои ќе можел да се идентификува како новинар. На пример не носел жолт елек или јакна како што некои од неговите колеги новинари носеле. Ниту пак имал некаква видлива ознака, како на пример на апаратот што го користел со што би покажал дека работел за Суомен Кивалехти. Ниту пак неговиот новинарски беџ се гледал на ДВД снимките или на некоја од фотографиите на кои се јавува жалителот. Затоа изгледот на жалителот се чини дека не дозволувал тој јасно да се разликува од лицата што протестирале. Оттука е веројатно дека врз основа на неговото присуство во одвоениот простор со кордон како и по својот изглед тој не бил лесно препознатлив како новинар пред неговото апсење.
99. Исто така останува нејасно од пресудата на Окружниот суд и другиот материјал во досието од случајот на кои полициски службеници жалителот им се идентификувал како новинар. Се чини од извештајот од претпретресната истрага дека тој тоа го направил пред полицискиот службеник што го уапсил, кој изјавил во претпретресната истрага дека жалителот не се спротивставувал на апсењето и дека побарал да се јави на телефон што му било дозволено. Кога полицискиот службеник што го апсел побарал документ за идентификација, жалителот му ја покажал новинарската легитимација (види параграф 27 горе). Од ова може да се заклучи дека жалителот не го носел својот новинарски беџ, или дека барем не го носел на видлив начин за да може веднаш да биде идентификуван како новинар. Друг полициски службеник кој бил присутен на апсењето на жалителот во претпретресната истрага изјавил дека жалителот не се спротивставил на апсењето, но дека не слушнал дека жалителот се идентификувал како новинар (види параграф 27 горе). Од друга страна не било утврдено дали жалителот се идентификувал како новинар исто така кога го однеле во автобусот со кој бил однесен во притвор. Сепак, Судот смета дека полицијата морала да го дознае неговиот статус на новинар најдоцна во полициската станица кога полицискиот службеник кој го примил му ја отстранил новинарската легитимација на жалителот, која според сопствената изјава на жалителот, тој ја „поткренал“ и почнал да ја носи на видливо место на градите нешто малку пред тоа (види параграф 28 горе). Врз основа на оваа информација, Судот смета дека доколку жалителот сакал да биде препознаен како новинар од полицијата тој требал да направи доволни јасни напори да се идентификува себеси како таков или со тоа што ќе носел препознатлива облека или новинарскиот беџ да го носи на видливо место цело време, или со други соодветни средства. Тој тоа не го направил. Оттука ситуацијата на жалителот се разликувала од таа на новинарот во случајот Наџафли против Азербејџан кој носел новинарски беџ на градите и јасно им кажал на полициските службеници дека бил новинар (види Najafli v. Azerbaijan, no. 2594/07, § 67, 2 October 2012; види исто така, mutatis mutandis, Gsell v. Switzerland, цитиран горе, § 49).
100. Исто така жалителот тврдел дека тој не бил свесен за наредбите на полицијата за растурање. Судот забележува дека Окружниот суд одлучил дека било утврдено дека жалителот бил свесен за наредбите на полицијата да се напушти местото, но дека одлучил да ги игнорира (види параграф 37 горе). Самиот жалител признал пред Окружниот суд и во своите изјаснувања пред овој Суд дека ги чул наредбите околу 20.30 часот (види параграфи 24 и 37 горе). Ова исто така било потврдено од фактот дека жалителот потоа му се јавил неговиот работодавец за да поразговараат дали да го напушти просторот или не (види параграф 24 горе). За Судот овој факт покажува дека жалителот ја разбирал или барем размислувал дека наредбата се однесувала и на него. Дополнително, жалителот признал во своите изјави до овој Суд дека околу час и половина подоцна лично му било кажано од еден полициски службеник, но тој му одговорил на полицискиот службеник дека одлучил да остане (види параграф 25 горе). Ова признание е во основа спротивно на тврдењето на жалителот дека тој не бил свесен за наредбите на полицијата за растурање. Жалителот оттука јасно знаел што правел и затоа не може да се прифати дека тој не бил свесен за наредбите на полицијата. Исто така како новинар кој известувал за акциите на полицијата тој морал да биде свесен за законските последици во случај да не се послушаат наредбите на полицијата. Затоа Судот не може а да не заклучи дека со тоа што не ги послушал наредбите дадени од полицијата жалителот свесно презел ризик да биде уапсен за непослушност кон полицијата.
101. Судот исто смета дека е релевантно тоа што сите други новинари освен жалителот ги послушале наредбите на полицијата. Дури и последниот од нив го напуштил просторот откако го чул последното предупредување кое јасно покажало дека доколку лицата кои сè уште биле таму не се разотиделе ќе биле уапсени. Овој последен новинар кој останал посведочил за време на постапките пред Окружниот суд дека тој последната фотографија ја направил во 21.15 часот и заминал 2-3 минути пред апсењето на жалителот. Никакви мерки не биле преземена против овие новинари во ниеден момент (види параграф 37 горе). Жалителот можел исто така да го напушти местото и да се префрли надвор од полицискиот кордон без никакви последици во секој момент додека траело запечатувањето на просторот. Исто така, ништо од досието на случајот не сугерира дека жалителот, доколку се придржувал на наредбата дадена од полицијата да го напушти просторот затворен со кордон, немало да може да продолжи да ги врши своите професионални задачи, дури и во близина на просторот што бил одделен со кордон каде, како што се случило подоцна, полицијата ја разбила групата на демонстранти и ги уапсила.
(ii) Притворот на жалителот
102. Жалителот бил држен во полициски притвор 17.5 часа. Како што веќе беше утврдено од Судот, прашањето за наводната незаконитост на притворот на жалителот кој надминал 12 часа, е надвор од опсегот на испитувањето на Големиот судски совет (види параграф 81 горе). Исто така жалителот тврдеше дека тој требал да биде испрашан и ослободен на експедитивен начин.
103. Владата тврдеше дека времетраењето на притворот на жалителот било главно објаснето од фактот дека тој бил притворен доцна навечер и дека според домашното право било забрането да се врши испрашување меѓу 22 часот навечер и 7 часот наутро. Домашното право предвидувало исклучоци од ова правило во членот 24 став 2 од Законот за кривична истрага (види параграф 49 горе). Судот забележува дека немало никакви информации во досието од случајот што се однесувале на тоа дали жалителот побарал да биде испрашан веднаш во текот на ноќта. Жалителот дури и не тврдел дека постапил така. Дополнително вкупно 128 лица биле уапсени и задржани заради демонстрациите и овој факт исто така може да го пролонгирало ослободувањето на жалителот. Меѓутоа, следниот ден жалителот бил еден од првите што бил испрашан и ослободен заради неговиот статус на новинар: тој бил седмото задржано лице кое било испрашано и шестото кое било ослободено после малолетниците (види параграф 32 горе). Овој факт јасно демонстрира дека полициските власти покажале наклонет однос кон жалителот како претставник на медиумите.
104. Судот забележува дека не е сигурно дали мобилниот телефон, фотографската опрема и мемориските картички на жалителот биле проверени од полицијата. Жалителот тврдел дека тоа се случило. Според извештајот на заменикот парламентарен народен правобранител (види параграф 34 долу), полицијата ја проверила содржината на мобилните телефони на задржаните лица. Врз основа на досието на случајот не било јасно дали мобилниот телефон на жалителот бил исто така проверен и дали неговите мемориски картички биле проверени. Меѓутоа, владата тврдеше дека веднаш штом полицијата открила дека жалителот бил претставник на печатот фотоапаратот, мемориските картички и другата опрема биле третирани како новинарски извор и не биле конфискувани. Жалителот не пригиворил на ова тврдење на Владата.
105. Иако не е сосема јасно како било постапувано со фотографската опрема и мемориските картички на жалителот по неговото апсење, Судот забележува дека жалителот не тврдел дека неговата фотографската опрема или фотографските материјали кој ги направил не му биле вратени во целост или неизменети. За Судот, не се чини дека опремата на жалителот во било кој момент била конфискувана, туку повеќе тргната на страна додека бил уапсен, и тоа во согласност со нормалната пракса. Исто така на жалителот му било дозволено да ги задржи сите фотографии што ги направил. Не му биле наметнати никакви ограничувања во однос на користењето на фотографиите од ниеден орган во која било од фазите.
(iii) Осудување на жалителот
106. Конечно, во врска со осудувањето на жалителот, Судот забележува дека Окружниот суд го прогласил жалителот за виновен за непослушност кон полицијата, но не му изрекол никаква казна бидејќи делото го сметал дека „можело да се прости“. Оваа пресуда подоцна била потврдена од Апелациониот суд кој не дал никакви дополнителни причини во својата пресуда. Конечно, Врховниот суд одбил на жалителот да му дозволи да се жали.
107. Судот смета дека демонстрациите биле прашање од легитимен јавен интерес, земајќи ја во предвид особено нивната природа. Затоа медиумите имале задача да пренесуваат информации за настанот, а јавноста имала право да добие такви информации. Ова исто така било признато од властите и затоа тие направиле подготовки за да се одговори на потребите на медиумите. Настанот привлекол доста медиумско внимание и бил следен внимателно. Меѓутоа Судот забележува дека од педесет и нешто новинари присутни на просторот каде што се одржувале демонстрациите, жалителот бил единствениот кој тврдел дека му била повредена слободата на изразување во контекст на демонстрациите.
108. Исто така секакво мешање во неговото остварување на новинарската слобода било ограничено, со оглед на можностите кои му биле ставени на располагање за да известува од настаните на адекватен начин. Судот нагласува уште еднаш дека однесувањето што било санкционирано со кривичното осудување не било новинарска активност на жалителот како такво односно нешто што објавил тој. Иако фазата пред објавувањето исто така потпаѓа во опсегот на прегледот на Судот согласно членот 10 од Конвенцијата (види Sunday Times v. the United Kingdom (no. 2), 26 November 1991, § 51, Series A no. 217), актуелниот случај не се однесува на санкција што му била изречена на жалителот заради спроведување на новинарско истражување или заради добивање на информации како такви (види наспроти ова Dammann v. Switzerland, no. 77551/01, § 52, 25 April 2006, во врска со изрекувањето на парична казна на новинар за добивање на информации кои биле службена тајна). Осудувањето на жалителот се однесува само на неговото одбивање да се придржува на полициската наредба на самиот крај од демонстрациите кои според судот на полицијата се претвориле во нереди.
109. Окружниот суд одлучил последователно дека полицијата имала оправдани причини да ги даде овие наредби (види параграф 37 горе). Тој сметал дека било неопходно да се растера масата заради немирите и заканата по јавната безбедност и да им се нареди на луѓето да заминат. Бидејќи овие законски наредби не биле почитувани, полицијата имала право да ги уапси и задржи непослушните демонстранти. Како што Владата посочи, фактот дека жалителот бил новинар не му давало право на повластен или различен третман во споредба со други луѓе кои останале на тој простор (види параграф 78 горе). Овој пристап исто така е поддржан од информациите кои му биле достапни на Судот, според кои законодавството на повеќето земји-членки на Советот на Европа не доделува некаков посебен статус на новинарите кога нема да се придржуваат на полициските наредби да го напуштат местото на демонстрациите (види параграф 57 горе).
110. Се чини од досието на случајот дека обвинението било насочено кон сите 86 обвинети кои биле обвинети за неколку вида на прекршоци. Жалителот тврдел дека обвинителот можел и требал да ги повлече обвиненијата против него бидејќи само тој ја работел својата работа на новинар. Според судската пракса на Судот, принципот на дискреционо гонење им остава на државите значителен простор за маневар при одлучувањето дали да спроведат постапки или не против некој за кој се смета дека направил прекршок (види, mutatis mutandis, Штол, цитиран горе, § 159). Исто така, Судот повторува дека новинарите не можат да бидат ослободени од нивната обврска да го почитуваат обичното кривично право чисто врз основа на тоа дека членот 10 им дава заштита (види Штол, цитиран горе, § 102). Сепак, Судот прифаќа дека новинарите можат понекогаш да се соочат со конфликт меѓу општата обврска да се придржуваат на кривичното право, од што новинарите не се ослободени, и нивната професионална обврска да дојдат до и да шират информации со што на медиумите ќе им се овозможи да ја играат својата суштинска улога како куче чувар во јавноста. Во контекст на овој конфликт на интереси, мора да се нагласи дека концептот на одговорно новинарство бара секогаш кога еден новинар – како и неговиот работодавец – мора да направи избор меѓу двете обврски и ако тој или таа направи избор на штета на обврската да го почитува обичното кривично право, таквиот новинар мора да е свесен дека тој или таа презема ризик да подложи на правни санкции, вклучително и оние од кривичен карактер со непочитување на законските наредби, меѓу другото и од полицијата.
111. Окружниот суд го покренал прашањето дали жалителот како новинар имал право да не ги почитува наредбите што му ги дала полицијата. Тој одлучил дека во околностите на случајот, условите за ограничување на правото на жалителот на слобода на изразување биле исполнети. При доаѓањето до тој заклучок Окружниот суд упатил на случајот Даман (цитиран горе) тврдејќи дека морало да се направи разлика во однос на случајот на жалителот. Причините што ги дал Окружниот суд за осудувањето на жалителот за непослушност кон полицијата биле прецизни. Меѓутоа со оглед на специфичната природа на мешањето во правото на жалителот на слобода на изразување во овој случај (види параграф 108 горе), Судот е задоволен дека тие се релевантни и доволни. Исто така Окружниот суд се осврнал и на конфликтот на интереси со кои бил соочен жалителот кога одлучил да не му наметне никаква казна.
112. Во тој контекст Судот повторува дека природата и сериозноста на изречената казна се дополнителни фактори кои треба да се земат во предвид при оценката на сразмерноста на мешањето (види Штол, цитиран горе, § 153 со дополнителни упатувања). Во актуелниот случај, Окружниот суд се воздржал од изрекување на некакви казни врз жалителот бидејќи неговиот акт се сметал за таков „што можел да се прости“. При доаѓањето до тој заклучок тој зел во предвид дека жалителот, како новинар, бил соочен со контрадикторните очекувања, кои произлегувале од обврските што му биле наметнати од полицијата од една страна и од неговиот работодавец од друга.
113. Во некои случаи фактот дека едно лице било осудено на може да е поважно од малата казна што му била изречена (види Штол, цитиран горе, § 154 со дополнителни упатувања). Меѓутоа во овој случај Судот дава тежина на фактот дека осудувањето на жалителот немало никакви негативни материјални последици за него: бидејќи не била изречена никаква казна, пресудата не била, во согласност со домашното право, дури ни внесена во неговото кривично досие (види параграф 53 горе). Осудувањето на жалителот достигнало само ниво на формален наод за прекршок извршен од негова страна што како таков едвај ако и воопшто може да има „ефект на ладење“ врз лицата кои учествуваат на протести (спореди и спротивстави, mutatis mutandis, Taranenko v. Russia, no. 19554/05, § 95, 15 May 2014) или врз работата на новинарите воопшто (спореди и спротивстави, mutatis mutandis, Taranenko v. Russia, no. 19554/05, § 95, 15 May 2014). Сè на сè, може да се каже дека осудувањето на жалителот било сразмерно на легитимните цели од кои се водело.
6. Севкупен заклучок
114. Со оглед на сите претходно изнесени фактори и земајќи го во предвид дискреционото право што го има државата, Судот заклучува дека, во овој случај, домашните власти, ги засновале своите одлуки на релевантните и доволни причини и постигнале рамнотежа меѓу спротивставените интереси во прашање. Од досието на случајот е јасно дека властите не ги спречиле или попречиле намерно медиумите да известуваат од демонстрациите во обид да се скријат од јавниот поглед активностите на полицијата во однос на демонстрациите, генерално, или во однос на поединците што протестирале (види параграф 89 in fine). Навистина жалителот не бил спречен да си ја врши новинарската работа ниту за време ниту после демонстрациите. Судот затоа заклучува дека мешањето во правото на жалителот на слобода на изразување може да се каже дека било „неопходно во едно демократско општество“ во рамки на значењето на членот 10 од Конвенцијата. Судот би сакал да нагласи дека овој заклучок мора да се гледа врз основа на специфичните околности во актуелниот случај, при што соодветно внимание треба да се посвети на потребата да се избегне секакво попречување на улогата на „куче чувар“ на медиумите (види параграф 89 горе).
115. Соодветно на тоа нема повреда на членот 10 од Конвенцијата.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
Одлучи, со тринаесет гласа наспроти четири, дека немало повреда на членот 10 од Конвенцијата.
Изготвена на англиски и француски јазик, и усвоена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 20 октомври 2015 г.
Лоренс ИерлиДин Шпилман
Правен советникПретседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, кон оваа пресуда се приложени следниве издвоени мислења:
(а) мислење на согласување на судијата Мотоц;
(б) мислење на несогласување на судијата Спано придружен од судиите Шпилман, Леменс и Дедов.
Д.С.
Т.Л.Е.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights ( ) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy