© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТИ ОДДЕЛ
ПРЕДМЕТ PETROPAVLOVSKIS против ЛЕТОНИЈА
(Жалба бр. 44230/06)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
13 јануари 2015 г.
КОНЕЧНА
01/06/2015
Оваа пресуда стана конечна во согласност со член 44 § 2 на Конвенцијата. Пресудата може да биде предмет на редакциски измени.
Во предметот на PETROPAVLOVSKIS против Летонија,
Европскиот суд за човекови права (Четврти оддел), заседавајќи како Совет составен од:
Päivi Hirvelä, Претседател,
Ineta Ziemele,
George Nicolaou,
Ledi Bianku,
Zdravka Kalaydjieva,
Krzysztof Wojtyczek,
Faris Vehabović, судии,
и Françoise Elens-Passos, Секретар на Одделот,
По заседавањето без присуство на јавноста на 18 ноември 2014 година и на 9 декември 2014 година,
Ја изрекува следнава пресуда, што беше донесена на последно наведениот датум:
ПОСТАПКА
1. Предметот произлегува од жалбата (бр. 44230/06) против Република Украина поднесена пред Судот во согласност со член 34 на Конвенцијата за заштита на човековите права и на основните слободи („Конвенцијата“) од страна на „постојан жител без државјанство“ на Република Летонија, г. Jurijs PETROPAVLOVSKIS („жалител“), на 10 октомври 2006 г.
1. Жалителот беше застапуван од г. А. Dimitrovs, адвокат што работи во Брисел. Летонската Влада („Владата“) беше застапувана од своите застапници, г-ѓа I. Reine и, последователно, г-ѓа K. Līce.
2. Жалителот вложил жалба врз основа на членовите 10, 11 и 13 на Конвенцијата дека наводното произволно одбивање на летонско државјанство преку натурализација претставувало казнена мерка што му била наметната бидејќи разгласувал идеи и го користел своето право на мирно собирање за да ги критикува ставовите на Владата.
3. Со одлука од 3 јуни 2008 година, Судот ја прогласил жалбата за допуштена и го приклучил кон основите приговорот на Владата во однос на надлежноста на Судот ratione materiae.
4. Жалителот и Владата поднеле дополнителни поднесоци во писмена форма (Правило 59 § 1) во врска со основаноста.
ФАКТИЧКА СОСТОЈБА
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА ПРЕДМЕТОТ
5. Жалителот е роден во 1955 година и живее во Рига.
6. Пред 29 октомври 1998 година, кога летонскиот Парламент (Saeima) го донел Законот за образование, наставата во државните и општинските училишта и понатаму се изведувала на летонски и на руски јазик, практика што била наследена од времето на Советскиот Сојуз. Законот за образование, што влегол во сила на 1 јуни 1999 година, предвидувал дека единствениот јазик на кој што се изведува наставата во сите државни и општински училишта во Република Летонија е државниот јазик, односно, летонскиот јазик. Законит предвидувал, исто така, дека јазикот на наставата може да биде различен во приватните училишта, во државните и општинските училишта што спроведуваат наставни програми за националните малцинства и во други образовни установи како што е предвидено со закон. Што се однесува до државните и општинските училишта што спроведуваат наставни програми за националните малцинства, Министерството за образование требало да ги утврди посебните предмети за кои што наставата треба да се изведува на државниот јазик (член 9(1) и (2)), а Министерот за образование требало да осигури дека релевантните прописи се поднесени до Кабинетот на министри до 1 септември 1999 година (преодни одредби, став 3). Исто така, било утврдено дека сите треба да учат државниот јазик и да полагаат тест за познавање на државниот јазик за да може да се стекнат со основно и средно образование (член 9(3)).
7. Во периодот од 2003 до 2004 година жалителот бил активно вклучен во протести против реформите на образованието. Тој бил еден од главните водачи на движењето наречено „Штаб за заштита на руските училишта“ („Krievu skolu aizstāvības štābs“, на летонски), што било вклучено во промовирањето и повикувањето на протести против реформите на образованието. Тој учествувал на собири и демонстрации против реформите во образованието и давал јавни изјави со кои што се залагал за идеите во врска со правата на членовите на заедницата што зборуваат на руски јазик на образование на руски јазик и зачувување на училиштата што се финансираат од страна на државата и во кои наставата се изведува исклучиво на руски јазик. Владата му обезбедила на Судот докази за медиумската покриеност на овие протести во периодот од 28 јуни 2003 година до 23 септември 2005 година, вклучувајќи известувања од летонската новинска агенција ЛЕТА и статии во дневните весници Diena и Lauku Avīze и во регионалниот весник Novaja Gazeta (на руски јазик). Вкупно биле обезбедени 13 известувања и статии.
8. По неколку прилично големи собири и демонстрации, Парламентот донел измени на Законот за образование на 5 февруари 2004 година. Новиот текст на законот предвидувал дека од 1 септември 2004 година сите државни и општински училишта за средно образование што спроведуваат наставни програми за националните малцинства треба да обезбедат настава на државниот јазик за најмалку 60% од наставната програма, вклучувајќи странски јазици, во однос на учениците што започнуваат да посетуваат настава од десеттото одделение. Овие училишта, исто така, требало да осигурат дека наставната програма што се однесува на јазикот, идентитетот и културата на малцинствата се изведува на јазикот на малцинствата (преодни одредби, став 3).
9. Во ноември 2003 година жалителот се обратил до Комисијата за натурализација (Naturalizācijas Pārvalde) со барање да добие летонско државјанство преку натурализација. На 1 декември 2003 година тој ги положил испитите за натурализација (видете став 29 долу).
10. Комисијата за натурализација ги прегледала документите што биле поднесени од жалителот и, откако утврдиле дека тој ги исполнувал барањата од членовите 11 и 12 на Законот за државјанство, го вклучиле неговото име во списокот на кандидати што поднеле барање за добивање државјанство. Списокот бил приложен кон предлог одлуката за давање државјанство и бил доставен до Кабинетот на министри (Ministru kabinets) на конечно одлучување.
11. На 16 ноември 2004 година Кабинетот на министри донел одлука за бришење на името на жалителот од списокот, на тој начин одбивајќи го неговото барање за натурализација.
12. На 30 ноември 2004 година Комисијата за натурализација го известила жалителот за одлуката на Кабинетот на министри.
13. На 7 декември 2004 година жалителот повел управна постапка против Кабинетот на министри. Тој побарал од Окружниот управен суд (Administratīvā rajona tiesa) да „го обврзе Кабинетот на министри да донесе одлука за неговиот прием во летонско државјанство“. Жалителот изјавил дека одлуката во врска со приемот во летонското државјанство претставувала управен акт и дека не можела да се смета за политичка одлука. Тој сметал inter alia дека некое лице ја исполнува обврската за лојалност доколку тоа лице ги исполнува сите барања од Законот за државјанство и доколку врз тоа лице не може да се примени кое било од ограничувањата што се утврдени во законот. Жалителот сметал дека одбивањето да му се даде државјанство било незаконито; во согласност со принципот за еднаков третман, неговите ставови не можеле да претставуваат основ за одбивање. Тој навел дека неговото име било избришано од списокот поради неговото учество во политичката партија „За човекови права во обединета Летонија“ (“Par cilvēka tiesībām vienotā Latvijā”, со скратен назив PCTVL) и поради неговите јавни изјави. PCTVL го номинирала за свој кандидат за градоначалник на Рига, но одбивањето на барањето за државјанство го лишило од правото да учествува во локалните општински избори и било политички мотивирано.
14. На 10 декември 2004 година жалителот му дал интервју на новинар од дневниот весник Lauku Avīze. Неговиот одговор на прашањето дали се надева дека ќе го добие случајот пред домашните и меѓународните судови наводно гласел:
„Доколку сакав да добијам политичка моќ, ќе бев натурализиран уште одамна и ќе бев избран како пратеник во [Парламентот]. Изгледите да го добијам случајот во некој суд во Летонија би можеле да бидат пола-пола. Но, тоа не ми е потребно. Да бидам искрен, она што ни треба е голем меѓународен скандал. Со случајот на моето државјанство го постигнавме тоа и, дополнително, [добивме] широка кампања за односи со јавноста во полза на PCTVL бесплатно.“
15. Во своите поднесоци до Окружниот управен суд од 5 јануари 2005 година, Кабинетот на министри нагласил дека Министерот за правда укажал на одредбите на Законот за државјанство во смисла на тоа дека при барањето летонско државјанство кандидатот мора да покаже лојалност кон Република Летонија, не само со ветување туку и преку своите дела, и дека делата на жалителот не биле во согласност со заклетвата за верност кон Република Летонија. По прегледување на информациите што му биле на располагање, Кабинетот на министри донел одлука дека делата на жалителот во материјалното време не покажувале лојалност кон Република Летонија.
16. Во своите дополнителни поднесоци до Окружниот управен суд од 17 ноември 2005 година, Кабинетот на министри тврдел, inter alia, дека неговата политичка одлука била заснована врз постапките на жалителот; било јасно дека тој не можел искрено да даде заклетва за лојалност. Тоа го потврдувале неговите јавни изјави, што укажувале дека тој немал вистинска врска со Република Летонија, дека не сакал да воспостави таква врска и дека поднел барање за државјанство како дел од политичка кампања за да и наштети на Република Летонија. Кабинетот ги цитирал изјавите што тој ги дал во текот на интервјуто од 10 декември 2014 година (видете став 15 горе). Повикувајќи се на принципот за „демократија што е способна да се заштити себеси“, Кабинетот тврдел дека државната безбедност, заштитата на другите, како и државниот јазик, биле демократските вредности што државата сакала да ги заштити. Јавните изјави на жалителот откриле дека неговите постапки биле насочени кон дестабилизирање на состојбата во земјата и дека неговата желба да стане државјанин била мотивирана од оваа намена. Неговите изјави и постапки покажале дека тој претставувал реална закана за државната безбедност: (i) жалителот бил водач на организација чии што активности биле насочени кон нарушувањето на јавниот ред и безбедноста[1]; (ii) активностите на организацијата ја потврдиле можноста за употреба на насилство[2]; (iii)изјавите на жалителот покажале дека тој бил подготвен да употреби насилство[3]; (iv) постапките на жалителот ја покажале неговата неподготвеност да им дозволи на државните органи да извршат легитимна контрола врз законитоста на активностите на организацијата[4]; и (v) вистинската цел на жалителот не била да добие летонско државјанство туку да спроведе организирана кампања наменета за предизвикување политички скандал[5].
17. На 16 декември 2005 година Окружниот управен суд одлучил да ја прекине постапката без да ја разгледува основаноста на предметот. Судот заклучил дека одлуката на Кабинетот на министри во врска со приемот во летонско државјанство (lēmums par personas uzņemšanu Latvijas pilsonībā) претставувала „политичка одлука“ (видете став 33 долу) и како таква не е предмет на разгледување од страна на судот. Жалителот поднел жалба, наведувајќи, inter alia, дека Законот за државјанство не може да се користи како политичко оружје и дека судот треба да има целосна надлежност врз таквите одлуки.
18. На 13 февруари 2006 година Регионалниот управен суд (Administratīvā apgabaltiesa) ја потврдил одлуката на Окружниот управен суд и, исто така, сметал дека одлуката на Кабинетот на министри била политичка одлука. Жалителот поднел жалба, наведувајќи, inter alia, дека давањето државјанство не може да се користи како политичко оружје и дека судот треба да има целосна надлежност врз таквите одлуки.
19. На 11 април 2006 година Управниот оддел на Сенатот на Врховниот суд (Augstākās tiesas Senāta Administratīvo lietu departaments) ја потврдил одлуката на Регионалниот управен суд. Судот утврдил дека, во согласност со Законот за државјанство, Комисијата за натурализација требало да изготви предлог одлука во врска со утврдувањето на правните факти. Конечната одлука била донесена од Кабинетот на министри. Кабинетот ја донел својата одлука врз основа на предлог одлуката што била изготвена од Комисијата за натурализација, со гласање. Членовите на Кабинетот немале обврска да дадат образложение за своето гласање и Законот не ги предвидувал подробностите на процесот за носење одлуки во оваа смисла. Судот навел, inter alia, дека:
„[8.3] ... Кабинетот на министри [има] неограничена надлежност во однос на давањето или одбивањето државјанство на лица кои, како што е потврдено од Комисијата за натурализација, ги исполнуваат критериумите за натурализација. Таквата неограничена слобода за постапување, што, исто така, е во целосен контраст (krasi kontrastē) со деталниот пропис во однос на одлуката на Комисијата за натурализација, потврдува дека Кабинетот на министри во таквиот случај не врши управна, туку уставна функција. Оттаму, Кабинетот на министри не може да се смета за државен орган за целите на управната постапка. Според тоа, аргументот што е наведен во споредната жалба дека наведената одлука ги исполнува сите критериуми на еден управен акт е неоснован.
Земајќи го предвид горенаведеното, заклучокот на [Регионалниот управен суд] дека одлуката против која што е поднесена жалбата не може да се смета за управен акт, туку за политичка одлука, е правилен. ...
[10] Според мислењето на Управниот оддел, ако некое лице ги исполнува сите барања за натурализација и ако не се применливи какви било ограничувања на натурализацијата, [постои] само субјективно право да се разгледува од страна на Кабинетот на министри предлог одлука во врска со стекнувањето државјанство.
[11] Фактот што законодавството не утврдува постапка за поднесување жалба против одлуката на Кабинетот на министри не значи дека таквата одлука е предмет на жалба како управен акт, во согласност со Законот за управна постапка. Во Летонија нема воспоставена практика за наведување expressis verbis во некој правен акт дека релевантната одлука не подлежи на жалба ...
[12] ... Според мислењето на Управниот оддел, законите на Летонија ја предвидуваат можноста за следење (kontrolēt) на донесените одлуки за прашања во врска со натурализацијата. Со други зборови, одлуките што се донесени од Комисијата за натурализација (управни акти) се предмет на жалба пред суд, во согласност со Законот за управна постапка, при што, ако некоја одлука на Кабинетот на министри или дел од неа не е во согласност со законодавството, јавниот обвинител може да поднесе барање за надзорно разгледување (protests) врз основа на член 19 на Законот за јавното обвинителство. Според тоа, упатувањето [од страна на жалителот] на [член 12 од] Европската конвенција за државјанство е неосновано.“
20. Жалителот не поднел повторно барање за добивање летонско државјанство преку натурализација до денешен ден.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКТИКА
А. Уставот (Satversme)
21. Во согласност со член 4 на Уставот, летонскиот јазик е државниот јазик во Република Летонија.
22. Во согласност со член 100 на Уставот, секој има право на слобода на изразување, што го вклучува правото на слободно примање, чување и дистрибуирање на информации и изразување на своите ставови. Цензурата е забранета.
23. Во согласност со член 102 на Уставот, секој има право да основа и да се придружува на здруженија, политички партии и други јавни организации.
24. Во согласност со член 103 на Уставот, државата ја заштитува слободата на претходно најавените мирни собири, улични поворки и демонстрации.
25. Во согласност со член 116, правата на лицата што се утврдени, inter alia, во членовите 100, 102 и 103, може да бидат предмет на ограничувања во околностите што се предвидени со закон и за да се заштитат правата на други луѓе, демократската структура на државата, како и јавната безбедност, добросостојба и моралот. Врз основа на условите што се наведени во овој член, може да се наметнат и ограничувања на изразувањето на верските уверувања.
Б. Законот за државјанство (Pilsonības likums) што бил во сила во материјалното време
26. Член 1(1) на Законот за државјанство предвидува дека летонското државјанство претставува трајна правна врска (noturīga tiesiska saikne) меѓу лицето и летонската држава (Latvijas valsts). Начелно, летонското законодавство за државјанството и имиграцијата разликува неколку категории лица, секое со посебен статус. Тие се резимирани во предметот Slivenko v. Latvia ([GC], бр. 48321/99, §§ 50-53, ECHR 2003 X) и предметот Sisojeva and Others v. Latvia ((бришење) [GC], бр. 60654/00, §§ 46-47, ECHR 2007 I).
27. Член 11 ги наведува ограничувањата за натурализацијата. Тој предвидува, inter alia, дека лицата што, со неуставни методи, дејствувале против независноста на Република Летонија, демократската парламентарна структура на Државата или постоечките државни власти во Летонија, кога тоа е утврдено со судска пресуда, не може да бидат предмет на прием во државјанство.
28. Член 12 го предвидува следново:
„(1) Единствено лицата што се регистрирани во матичната евиденција на населението може да бидат примени во летонско државјанство преку натурализација ако:
1) нивното постојано живеалиште, од датумот на поднесување на барањето за натурализација, било во Летонија не помалку од пет години сметано од 4 мај 1990 година (за лицата што пристигнале во Летонија по 1 јули 1992 година, петгодишниот период се смета од моментот на добивањето на дозволата за постојан престој);
2) го познаваат [prast] летонскиот јазик;
3) ги знаат [zināt] основните принципи на Уставот на Република Летонија и Уставното право [од 10 декември 1991 година] во врска со правата и обврските на лицата и државјаните;
4) ги знаат текстот на Државната химна и историјата на Летонија;
5) имаат законит извор на средства;
6) дале заклетва за лојалност на Република Летонија;
7) поднеле известување во однос на откажувањето на своето поранешно државјанство (националност) и добиле дозвола за експатријација од земјата на своето поранешно државјанство (националност), доколку таквата дозвола е предвидена во законодавството на таа земја, или пак добиле документ со кој што се потврдува губењето на државјанството (националноста), или, ако се државјани на поранешниот СССР чие што постојано место на живеење на 4 мај 1990 година било во Летонија, потврда дека не добиле државјанство (националност) од друга земја; и
8) не се предмет на ограничувањата на натурализацијата што се утврдени во член 11 на овој закон.
(2) Единствено лицата што ги исполнуваат сите барања што се утврдени во првиот став на овој член може да бидат примени во летонско државјанство преку натурализација. ...
(6) Лицата чии што барања во врска со прашањата околу државјанството биле одбиени, може повторно да поднесат барање една година по носењето на претходната одлука.“
29. Член 17(1) предвидува дека Комисијата за натурализација ги прима и разгледува барањата за натурализација. Против одлуката на Комисијата за натурализација со која што се одбива натурализацијата може да се поднесе жалба пред суд (член 17(3)). Одлуките во врска со приемот во државјанство се носат од страна на Кабинетот на министри (член 17(2)).
30. Во материјалното време (пред измените и дополнувањата на законот што влегле во сила на 1 октомври 2013 година), врз основа на член 18, сите лица што биле примени во летонско државјанство морале да ја потпишат следнава заклетва во однос на лојалноста кон Република Летонија:
„Јас, (име, презиме) роден (место на раѓање, датум на раѓање), се заколнувам дека ќе и бидам лојален единствено на Република Летонија.
Се обврзувам да ги почитувам Уставот и законите на Република Летонија со добри намери и да ги вложам сите напори за нивната заштита.
Се обврзувам дека со својот живот ќе ја бранам независноста на летонската држава (Latvijas valsts) и дека ќе живеам и работам добронамерно и за целите на подобрувањето на просперитетот на летонската држава и на летонскиот народ.“
31. На 1 октомври 2013 година влегле во сила неколку измени и дополнувања на Законот за државјанство; тие вклучувале промени на сите од горенаведените одредби.
В. Закон за управна постапка (Administratīvā procesa likums)
32. Во согласност со член 1(3) на Законот за управна постапка (во сила од 1 февруари 2004 година до 30 ноември 2006 година), управниот акт е правен инструмент што е насочен кон надвор и се издава од страна на државен орган (iestāde) во областа на јавното право во однос на поединечно именувано лице (или лица), со кој што се воспоставуваат, изменуваат, утврдуваат или завршуваат посебни правни односи (tiesiskās attiecības) или се утврдува постоечка ситуација. Одлуката во врска со воспоставувањето, изменувањето или завршувањето на правниот статус, или дисциплинското казнување на некој службеник (amatpersona) или на лице што е посебно подредено (īpaši pakļauta persona) на државниот орган, како и останатите одлуки, доколку тие значително се вмешуваат во човековите права на службеникот или на лицето што е посебно подредено на државниот орган, исто така претставуваат управни акти. Одлука или друг вид дејствие на некој државен орган во сферата на приватното право, и внатрешна одлука што влијае единствено врз самиот државен орган, тело што му е подредено (padota institūcija) или лице што му е посебно подредено на државниот орган, не се управни акти; политичките одлуки (политички соопштенија, изјави, покани, известувања за избор на службеници, и слични одлуки) од страна на Saeima, Претседателот, Кабинетот на министри или градските совети на локалната самоуправа (окружни и општински совети), како и одлуките во врска со кривични постапки и судски пресуди, исто така, не претставуваат управни акти.
Г. Уредба на Кабинетот на министри бр. 34 (1999), „Прием и обработка на барања за натурализација“
33. Став 32 на Уредбата бр. 34 (1999) на Кабинетот на министри, со наслов „Прием и обработка на барања за натурализација“ (Naturalizācijas iesniegumu pieņemšanas un izskatīšanas kārtība), во сила од 5 февруари 1999 година до 9 јули 2011 година, утврдува определени основи според кои што претседателот на Комисијата за натурализација може да донесе одлука за одбивање на натурализацијата. Таквата одлука мора да се донесе, на пример, ако е утврдено со пресуда што станала законски правосилна, дека лицето намерно дало лажни информации (став 32.1), или ако било утврдено по разгледување на барањето дека не постои законски основ за натурализација, или дека таквиот основ престанал да постои (став 32.2).
34. Ако некое лице треба да се натурализира, службеник од Комисијата за натурализација, земајќи ги предвид документите што се содржани во предметот за натурализацијата на лицето, изготвува нацрт-одлука на Кабинетот на министри за доделување летонско државјанство преку натурализација (став 33). Комисијата за натурализација го информира лицето за одлуката што ја донел Кабинетот на министри (став 34).
Д. Судска практика на Уставниот суд
35. На 13 мај 2010 година Уставниот суд (Satversmes tiesa) ја донел својата пресуда во предметот бр. 2009-94-01 за сообразноста на определени зборови во првата реченица на ставот 1 на Преодните одредби на Законот за државјанство и во втората реченица со членовите 1 и 2 на Уставот, како и со Преамбулата на Декларацијата од 4 мај 1990 година „За обновување на независноста на Република Летонија“. Овој предмет бил упатен на Уставниот суд од страна на Одделот за управни предмети на Сенатот на Врховниот суд (Augstākās tiesas Senāta Administratīvo lietu departaments) на испитување дали условите за двојно државјанство што се утврдени во законот биле компатибилни со доктрината за државно-правниот континуитет на Летонија. Уставниот суд утврдил дека законскиот пропис бил компатибилен со Уставот и со Декларацијата. Релевантните делови од неговата пресуда гласат како што следува (испуштени упатувања):
„16. Жалителот тврдеше дека државјанството мора да се смета за едно од човековите права и дека оспорените одредби не се во согласност со начелата за сразмерност и правна извесност што произлегуваат од член 1 на Уставот.
16.1. Уставниот суд има потврдено во својата судска практика дека од концептот за демократска република што е вграден во член 1 на Уставот произлегува дека Државата има обврска да почитува повеќе основни начела на правната држава (tiesiska valsts), вклучувајќи ги начелата за сразмерност и правна извесност ...
Во областа на уредувањето на државјанството, Државата има широк простор за одлучување ... Меѓутоа, овој простор за одлучување не може да се смета за неограничен. Во рамките на доктрината за [државно-правниот] континуитет, законодавецот има обврска да осигури дека ниедно лице што го задржало летонското државјанство во текот на окупацијата нема да биде исклучено од корпусот на државјаните, како и дека утврдените барања за повторно воспоставување на државјанството се сразмерни.
Според тоа, Уставниот суд мора да оцени дали извесноста што ја стекнале лицата во однос на можноста за задржување на двојното државјанство врз основа на Одлуката од 27 ноември 1991 година ги надминала дискрециските права на законодавецот во однос на уредувањето на државјанството. Ова значи дека Уставниот суд треба да потврди дека оспорените одредби не го прекршуваат правото на некое лице на државјанството на конкретната држава.
16.2. Во жалбата [е наведено дека] државјанството или врската на лицето со државата е едно од човековите права, со оглед на тоа дека е вклучено во член 15 на [Универзалната] декларација за човековите права и, согласно со тоа, во член 89 на Уставот. Утврдувањето на рок, по чие што истекување лицето, регистрирајќи се како летонски државјанин, треба да се откаже од државјанството на некоја друга држава, се вели дека е еднакво на лишување од државјанство, или дури лишување од државјанство во целост или за група лица што може да се идентификуваат според некоја конкретна особина.
Уставниот суд забележува дека Декларацијата за човекови права е меродавен извор на човекови права и дека содржината на нејзините одредби е подобрена со текот на времето и служи како основа за развојот на принципите и обичаите во меѓународното право. Меѓутоа, за прецизно утврдување на опфатот на член 15 на Декларацијата за човекови права, што е обврзувачка за Државата во согласност со член 89 на Уставот, потребно е дополнително оценување.
Член 15 на Декларацијата за човекови права предвидува дека секој има право на државјанство. Сепак, таа му дава на лицето право на државјанство на определена држава. Иако содржината на членот се промени со текот на времето и развојот на меѓународното право влијаеше врз дискрециските права на државите во однос на прашањата поврзани со државјанството, таа содржина сè уште е ограничена.
[Беше констатирано во] правното мислење дека државјанството не е природно или неотуѓиво право, бидејќи тоа всушност произлегува од постоењето на некоја суверена држава ...
Тековно член 15 на Декларацијата за човекови права содржи три главни елементи: правото на државјанство или избегнувањето на бездржавјанството; забраната за произволно одземање на државјанството (вклучувајќи колективно одземање државјанство); и правото на лицето да го промени своето државјанство. Одземањето на државјанството поради политички или други дискриминациски причини се смета за произволно одземање на државјанството ... Исто така, секое одземање на државјанство што резултира со бездржавјанство се смета за произволно ... Забраната на дискриминацијата не може да се толкува широко; на пример, барањето за познавање на јазикот не се смета за дискриминациско барање. Покрај тоа, може да се утврди консензус во следниве две области: родовата еднаквост, што значи намалување на бездржавјанството во случај на брак; и, поистакнато, обврската на Државата да му даде државјанство на секое дете што е родено на нејзината територија и што инаку би станало лице без државјанство...“
III. РЕЛЕВАНТНО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО И ПРАКТИКА
Судската практика на Постојаниот суд за меѓународна правда
36. Во своето советодавно мислење во врска со Уредбите за државјанство што се издаваат во Тунис и Мароко (7 февруари 1923 година), Постојаниот суд за меѓународна правда заклучил како што следува:
„Зборовите „исклучиво во внатрешна надлежност“ се чини дека предвидуваат определени работи што, иако може да бидат многу тесно поврзани со интересите на повеќе од една држава, начелно не се уредуваат со меѓународното право. Во однос на таквите работи, секоја држава одлучува самостојно.
Прашањето дали некое определено прашање е или не исклучиво во надлежноста на некоја држава всушност е релативно прашање; тоа зависи од развојот на меѓународните односи. Оттаму, со оглед на тековната состојба на меѓународното право, прашањата за државноста, според мислењето на Судот, начелно припаѓаат во оваа област на задржани права.
За целите на ова мислење, доволно е да се забележи дека би можело да се случи, за некое прашање што, исто како државјанството, начелно не е уредено со меѓународното право, правото на државата да ги користи своите дискрециски права за одлучување сепак да биде ограничено од обврските што таа држава ги преземала во однос на други држави.“
Б. Судската практика на Меѓународниот суд на правдата
37. Во предметот Nottebohm (Liechtenstein v. Guatemala, пресуда од 6 април 1955 г.), Меѓународниот суд на правдата („МСП“) го донел следниов заклучок:
„Останува на Лихтенштајн, како и секоја друга суверена држава, да ги утврди во сопственото законодавство правилата што се однесуваат на стекнувањето на нејзиното државјанство и да го даде таквото државјанство преку натурализација што е одобрена од нејзините органи во согласност со тоа законодавство. Не е потребно да се утврдува дали меѓународното право наметнува какви било ограничувања врз нејзината слобода за одлучување во оваа област. Дополнително, државјанството има најнепосредни, најдалекусежни и, за најголемиот број луѓе, единствените ефекти во рамките на правниот систем на државата што го дава таквото државјанство. Државјанството, пред сè, служи за утврдување дека лицето на кое што тоа му било доделено ги ужива правата и е обврзано од обврските што правото на предметната држава ги дава или наметнува за своите државјани. Ова е имплицитно во поширокиот концепт дека државјанството е во домашната надлежност на државата. ...
Во согласност со практиката на државите, арбитражните и судските одлуки и мислењата на авторите, државјанството претставува правна врска во чија што основа лежи социјалниот факт за приврзаноста, вистинска врска во однос на постоењето, интересите и чувствата, заедно со постоењето на реципрочните права и обврски. Може да се каже дека тоа претставува правосуден израз на фактот дека лицето на кое што му е дадено државјанството, било да е тоа непосредно, во согласност со законот, или пак како последица на акт на властите, е фактички потесно поврзано со населението на државата што го дава државјанството отколку со населението на која било друга држава. Со оглед на тоа што се дава од страна на државата, тоа и дава право на таа држава да врши заштита во однос на друга држава, доколку тоа претставува преточување во правосудна смисла на врската на лицето со државата што го направила нејзин државјанин. ...
Натурализацијата не е прашање што треба да се сфаќа несериозно. Барањето и добивањето државјанство не е нешто што се случува често во животот на луѓето. Тоа вклучува раскинување на врската на лојалност од страна на лицето и воспоставување на нова врска на лојалност. Тоа може да има далекусежни последици и да вклучува коренити промени на судбината на лицето што се стекнува со него. Државјанството го засега лицето лично, и неговото разгледување единствено од гледната точка на последиците во однос на имотот на лицето би значело погрешно разбирање на неговото темелно значење. За да се процени неговото меѓународно дејство, невозможно е да не се земат предвид околностите под кои што било дадено, неговата сериозна природа, реалните и ефективните, наместо само декларативните преференци на лицето што го бара државјанството за земјата што му го дава тоа државјанство.“
В. Европска конвенција за државјанство (Совет на Европа, Серија договори бр. 166)
38. Основниот документ на Советот на Европа во однос на државјанството е Европската конвенција за државјанство, што беше донесена на 6 ноември 1997 година и влезе во сила на 1 март 2000 година. Конвенцијата е ратификувана од страна на 20 земји-членки на Советот на Европа. Летонија ја потпиша оваа конвенција на 30 мај 2001 година, но не ја ратификуваше.
39. Релевантните членови на оваа конвенција гласат како што следува:
Член 2 – Дефиниции
„За целите на оваа конвенција:
„државјанство“ значи правна врска меѓу лицето и државата и не го означува етничкото потекло на лицето ...“
Член 3 – Надлежност на државата
„1. Секоја држава определува со својот закон кои се нејзините државјани.
2. Ваквиот закон се прифаќа од страна на другите држави доколку истиот е конзистентен со применливите меѓународни конвенции, обичајното меѓународно право и општоприфатените правни начела во однос на државјанството.“
Член 4 – Начела
„Правилата за државјанство на секоја држава-членка се засноваат врз следниве начела:
а. секој има право на државјанство;
б. бездржавјанството се избегнува;
в. ниедно лице не смее да биде произволно лишено од државјанство;
г. бракот или раскинувањето на бракот меѓу државјанин на државата-членка и странец, или пак промената на државјанството од страна на еден од сопружниците за време на бракот, нема по автоматизам да влијае врз државјанството на другиот сопружник.“
40. Извештајот со објаснувања за оваа конвенција наведува, inter alia, во врска со член 2:
Член 2 – Дефиниции
„22. Концептот за државјанство беше истражен од страна на Меѓународниот суд на правдата во предметот Nottebohm. Овој суд го дефинираше државјанството како „правна врска во чија што основа лежи социјалниот факт за приврзаноста, вистинска врска во однос на постоењето, интересите и чувствата, заедно со постоењето на реципрочните права и обврски“ (предмет Nottebohm, Извештаи на МСП 1955 г., стр. 23).
23.„Државјанство“ е дефинирано во член 2 на Конвенцијата како „правна врска меѓу лицето и државата што не го означува етничкото потекло на лицето“. Оттаму, тоа се однесува на посебен правен однос меѓу поединецот и државата што е признаен од таа држава. Како што веќе беше укажано во фуснотата кон ставот 1 на овој извештај со објаснувања, во врска со ефектите на Конвенцијата, изразите „националност“ и „државјанство“ се синоними.“
Г. Судската практика на Судот на правдата на Европската унија
41. Во предметот C-135/08 Janko Rottmann v Freistaat Bayern (пресуда од 2 март 2010 година), Судот на правдата пресуди како што следува (упатувањата се испуштени):
„45. Според тоа, земјите-членки мора, при вршењето на своите овластувања во областа на државјанството, да го почитуваат правото на Европската унија ...
48. Условот што предвидува дека мора да се почитува правото на Европската унија не го доведува во прашање начелото на меѓународното право што е претходно признаено од Судот и се спомнува во став 39 горе, дека земјите-членки имаат овластувања да ги утврдат условите за добивање и губење на државјанството, туку го втемелува начелото дека, во однос на граѓаните на Унијата, вршењето на тоа овластување, доколку тоа ги засега правата што се дадени и заштитени од правниот поредок на Унијата, особено во случајот на одлука за повлекување на натурализацијата како што е предметната одлука во главната постапка, подлежи на судско разгледување што се врши со оглед на правото на Европската унија. ...
55. Во таквиот случај, меѓутоа, националниот суд е тој што треба да утврди дали предметната одлука за повлекување во главната постапка го почитува начелото за сразмерност што се однесува на последиците што одлуката ги повлекува за ситуацијата на предметното лице со оглед на правото на Европската унија, покрај, кога е тоа соодветно, испитувањето на сразмерноста на одлуката во однос на националното право.“
Д. Судската практика на Интерамериканскиот суд за човекови права
42. Во Предлог измени и дополнувања на одредбата за натурализација во Уставот на Костарика (Советодавно мислење OC-4/84, 19 јануари 1984 г.), Интерамериканскиот суд за човекови права пресуди како што следува:
„31. Прашањата што се поставени од страна на Владата вклучуваат две групи општи правни проблеми што Судот ќе ги разгледа засебно. Како прво, постои прашање поврзано со правото на државјанство што е утврдено во член 20 на Конвенцијата. Втората група прашања се однесува на можната дискриминација што е забранета со Конвенцијата.
32. Денес е општо прифатено дека државјанството е инхерентно право на сите луѓе. Државјанството не само што е основен предуслов за вршењето на политичките права, туку има и значајно влијание врз правната способност на лицето.
Оттаму, без оглед на фактот што традиционално е прифатено дека доделувањето и признавањето на државјанството се прашања за кои што секоја држава одлучува самостојно, современите случувања укажуваат дека меѓународното право навистина наметнува определени ограничувања на широките овластувања што ги поседува државата во таа област, и дека начинот на кој што државите ги уредуваат прашањата што се однесуваат на државјанството во денешно време не може да се смета дека е исклучиво во надлежноста на тие држави; таквите овластувања на државата, исто така, се ограничени од нивните обврски за осигурување на целосната заштита на човековите права.
33. Класичната доктринарна позиција, според која државјанството се смета за атрибут што државата го доделува на своите поданици, постепено еволуираше до таа мера што денес се смета дека државјанството ги вклучува и надлежноста на државата и прашањата во врска со човековите права. Ова беше потврдено во регионален документ, Американската декларација за правата и должностите на човекот од 2 мај 1948 година [текст на член 19]. Еден друг инструмент, Универзалната декларација за човековите права ... го предвидува следново [текст на член 15].
34. Правото на државјанство на секое човечко суштество е признаено како такво од меѓународното право. Два аспекти на ова право се отсликуваат во член 20 на Конвенцијата: како прво, правото на државјанство што е утврдено во овој член на поединецот му обезбедува минимална мерка за правна заштита во меѓународните односи преку врската што државјанството ја воспоставува меѓу него и предметната држава; и, како второ, заштитата што овој член му ја доделува на лицето против произволното одземање на неговото државјанство, без која тоа лице практично би било лишено од сите свои политички права, како и од граѓанските права што се поврзани со неговото државјанство.
35. Државјанството може да се смета за политичка и правна врска што го поврзува лицето со дадената држава и го обврзува тоа лице кон неа со врските на лојалноста и верноста и му дава право на дипломатска заштита од страна на таа држава. На различни начини, најголемиот број држави им нуделе на лицата што изворно не го поседувале нивното државјанство можност да го стекнат таквото државјанство дополнително, вообичаено преку давање изјава за намери по исполнување определени услови. Во овие случаи, државјанството повеќе не зависи од случајноста на раѓањето на определена територија или од фактот дека родителите го поседуваат тоа државјанство; наместо тоа, државјанството се заснова врз доброволен чин чија што цел е воспоставувањето на врска со определено политичко општество, неговата култура, неговиот начин на живеење и неговите вредности.
36. Бидејќи државата е таа што ја нуди можноста за стекнување на нејзиното државјанство на лицата што првично биле странци, природно е дека условите и постапките за добивање на државјанството треба да се уредуваат првенствено со домашното право на таа држава. Сè додека таквите правила не се во судир со повисоките норми, токму државата што го доделува државјанството може најдобро да оцени какви услови треба да се наметнат за осигурување дека постои ефективна врска меѓу лицето што бара натурализација и системите на вредности и интереси на општеството со кое што тоа лице сака целосно да се поврзе. Таа држава, исто така, е најспособна да одлучи дали овие услови биле исполнети. Во рамките на истите ограничувања, еднакво логично е дека согледаните потреби на секоја држава треба да бидат решавачки за одлуката дали да се олесни натурализацијата во поголема или помала мера; и, со оглед на тоа што согледаните потреби на државата не остануваат статични, сосема е разбирливо дека условите за натурализацијата би можеле да се либерализираат или заострат во согласност со променетите околности. Оттаму, не треба да не изненади тоа што во даден момент може да бидат воведени нови услови за осигурување дека промената на државјанството не се врши за решавање определени привремени проблеми со кои што се соочуваат барателите, кога тие немаат воспоставено реални и трајни врски со земјата што би оправдале една толку сериозна и далекусежна постапка каква што е промената на државјанството.“
43. Во предметот Girls Yean and Bosico v. Dominican Republic (пресуда од 8 септември 2005 година), Интерамериканскиот суд за човекови права пресуди како што следува (испуштени фусноти):
„139. Американската конвенција ги признава двата аспекти на правото на државјанство: правото да се има државјанство од гледна точка на обезбедување на лицето „минимална мерка за правна заштита во меѓународните односи преку врската што државјанството ја воспоставува меѓу него и предметната држава; и, како второ, заштитата што овој член му ја доделува на лицето против произволното одземање на неговото државјанство, без која тоа лице практично би било лишено од сите свои политички права, како и од граѓанските права што се поврзани со неговото државјанство.“
140. Утврдувањето кој има право да биде државјанин и понатаму останува во домашната надлежност на државата. Меѓутоа, нејзините дискрециски овластувања во оваа смисла постепено се ограничуваат со развојот на меѓународното право, со цел да се осигури подобра заштита на лицето во однос на произволните постапки на државите. Оттаму, во сегашната фаза на развој на меѓународното право за човекови права, ова овластување на државите е ограничено, од една страна, од нивната обврска да им обезбедат еднаква и ефективна правна заштита на лицата и, од другата страна, од нивната обврска за спречување, избегнување и намалување на бездржавјанството.
141. Судот смета дека неотповикливото правно начело за еднаква и ефективна заштита на правото и недискриминација утврдува дека, кога ги уредуваат механизмите за давање државјанство, државите мора да се воздржат од носењето прописи што се дискриминаторски или имаат дискриминаторски ефекти врз определени групи од населението при вршењето на нивните права. Дополнително, државите мора да се борат против дискриминаторските практики на сите нивоа, особено во јавните тела, и, конечно, мора да ги донесат потребните афирмативни мерки за осигурување на ефективното право на еднаква заштита за сите лица.
142. Државите имаат обврска да не усвојуваат практики или закони во врска со давањето на државјанството чија што примена поттикнува зголемување на бројот на лицата без државјанство. Овој услов произлегува од непостоењето на државјанство, кога некое лице не се квалификува да добие државјанство во согласност со законите на државата, поради произволно лишување или од давањето државјанство што фактички не е ефективно. Бездржавјанството го лишува лицето од можноста за користење на граѓанските и политичките права и го става во крајно ранлива положба.“
44. Начелата што произлегуваат од судската практика на Интерамериканскиот суд за човекови права во врска со правото на државјанство неодамна беа потврдени во предметот Expelled Dominicans and Haitians v. Dominican Republic (пресуда од 29 август 2014 година, ставови 253-264).
ПРАВОТО
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОВИТЕ 10 И 11 НА КОНВЕНЦИЈАТА
45. Жалителот вложил жалба врз основа на членовите 10 и 11 на Конвенцијата дека наводното произволно одбивање на летонско државјанство преку натурализација претставувало казнена мерка што му била наметната бидејќи разгласувал идеи и го користел своето право на мирно собирање за да ги критикува ставовите на Владата. Тој се жалел дополнително дека претходно наведените кршења на неговите права, спротивно на барањата од член 10 § 2 и член 11 § 2 на Конвенцијата, не биле пропишани со закон, немале легитимна цел, биле несразмерни и не биле неопходно во демократското општество. Член 10 и член 11 на Конвенцијата гласат како што следува:
Член 10 (слобода на изразување)
„1. Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации и идеи без мешање од јавните власти и без оглед на границите. Овој член не ги спречува земјите да бараат лиценцирање на радиодифузните, телевизиските и кинематографските претпријатија.
2.2. Остварувањето на овие слободи, што вклучува обврски и одговорности, може да биде предмет на формалности, услови, ограничувања или санкции што се предвидени со закон и се неопходни мерки во демократското општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната безбедност, за спречувањето на нереди и злосторства, заштита на здравјето или моралот, заштита на угледот или правата на другите, спречување на откривањето информации примени во доверба, или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.“
Член 11 (слобода на собирање и здружување)
“1. Секој човек има право на слобода на мирно собирање и слобода на здружување со други, вклучувајќи го правото да основа синдикати и да им се придружува на синдикатите за заштита на своите интереси.
2.2. Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштита на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на другите. Со овој член не се забранува наметнување законски ограничувања за остварувањето на овие права од страна на припадниците на вооружените сили, полицијата или државната администрација.“
46. Владата негирала дека имало кршење на овие членови.
A. Поднесоци на страните
1.Жалителот
47. Жалителот укажал дека прашањата што се однесуваат на државјанството не биле во исклучива надлежност на државата доколку ги засегале човековите права. Тој тврдел дека Советодавно мислење во врска со Уредбите за државјанство што се издаваат во Тунис и Мароко и предметот Nottebohm ја отсликувале состојбата на меѓународното право во 1923 и 1955 година, соодветно, а не состојбата во денешно време. Тој тврдел дека постои нов меѓународен консензус дека законите и практиката за државјанството треба да бидат конзистентни со општите начела на меѓународното право, особено меѓународното право во областа на човековите права. Дискрециското право на државата за давање државјанство не било целосно неограничено; упатувајќи на член 15 § 1 на Универзалната декларација за човекови права, жалителот тврдел дека одлуките во врска со државјанството требало да се разгледуваат со оглед на човековите права. Тој ги цитирал ставовите 32 и 140, соодветно, од два релевантни предмети пред Интерамериканскиот суд за човекови права (видете ставови 43 и 44 горе). Жалителот тврдел дека интерамериканскиот пристап бил потврден и во Европа, повикувајќи се на член 4 на европската Конвенција за државјанство и нејзиниот Извештај со објаснувања. Жалителот го опишал својот статус како „недржавјанин“ и се сметал за „привилегирано“ лице без државјанство во смисла на меѓународното право. Исто така, тој упатил на предметот Nottebohm и објаснил дека тој бил роден во Летонија, неговото постојано живеалиште и центарот на неговите интереси биле во Летонија и дека неговата сопруга и двете ќерки живееле во Летонија. Жалителот тврдел дека нема вистински или ефективни врски со која било друга земја.
48. Увидувајќи дека правото на некое конкретно државјанство како такво не било гарантирано од Конвенцијата или нејзините протоколи, жалителот се повикал на одлуката на Судот во предметот Karassev v. Finland ((одл.), бр. 31414/96, ECHR 1999‑II) и тврдел дека произволното лишување од државјанството во определени околности би можело да отвори прашање во врска со член 8 на Конвенцијата поради влијанието врз правата на лицето. Тој упатил дополнително на предметот Genovese v. Malta (бр. 53124/09, § 45, 11 октомври 2011 г.), во кој што Судот утврдил кршење на член 14 земен заедно со член 8 во врска со пристапот до државјанство. Жалителот тврдел дека било утврдено од други меѓународни форуми дека националната надлежност за утврдување правила за државјанството не е ексклузивна; тој упатил на горе цитираниот предмет Rottmann пред Судот на правдата на Европската унија како пример. Тој тврдел, исто така, дека за целите на овој предмет, обврската за намалување на бездржавјанството ги ограничувала дискрециските права на државата и, повикувајќи се на предметот Andrejeva v. Latvia ([GC], бр. 55707/00, § 88, ECHR 2009 г.), тврдел дека Летонија била единствената земја со која што има стабилни правни врски.
49. Жалителот се согласил дека немал право да добие летонско државјанство во согласност со Конвенцијата; неговиот аргумент бил дека неговите права врз основа на членовите 10 и 11 биле повредени во текот на процесот на натурализација. Ништо од она што е содржано во судската практика на Судот не сугерирало дека би можеле да се отворат прашање единствено во врска со членовите 8 и 14. Тој сметал дека „произволното лишување од државјанство“ би можело да отвори прашања и врз основа на членовите 10 и 11. Жалителот тврдел дека постоела доволна причинско-последична врска меѓу неговото учество во активностите против воведувањето на државниот јазик на Република Летонија во училиштата во кои што наставата се вршела на руски јазик и последователната одлука на Кабинетот на министри за одбивање на неговата натурализација. Тој сметал дека „лишувањето од државјанство“ било казнена мерка што била употребена против него во одговор на неговите активности и изјави.
50. Жалителот не се согласил со Владата дека треба да се направи разлика меѓу овој предмет и предметот Ezelin. Жалителот тврдел дека природата и строгоста на изречената казна биле фактори што требало да се земат предвид при оценувањето на сразмерноста на вмешувањето (тој упатил на предметот Sürek v. Turkey (бр. 1) [GC], бр. 26682/95, § 64, ECHR 1999‑IV). Одбивањето да му се даде летонско државјанство имало повеќе непосредни последици. Тој спомнал еден таков пример: фактот што тој не можел да се кандидира за општинските избори што се одржале во 2005 година затоа што можел повторно да поднесе барање за натурализација дури по истекот на една година (член 12(6) на Законот за државјанство). Таквата последица не можела да се предвиди со оглед на позитивното мислење на службата за безбедност. Жалителот останал „недржавјанин“ и бил исклучен од полноправно учество во политичките процеси. Тој укажал дека немал право да гласа или да се кандидира за какви било избори – општински или парламентарни, или за изборите за Европскиот парламент.
51. Иако се согласил дека санкциите не го спречиле да се изразува, тие, сепак, според неговото мислење, претставувале еден вид цензура што веројатно требало да го обесхрабри од таквото критикување во иднина (тој упатил на предметот Lingens v. Austria, 8 јули 1986 г., § 44, Серија A бр. 103). Начелно, жалителот тврдел дека мерките што ги презеле домашните власти биле способни да го обесхрабрат учеството на „недржавјаните“ во дебатите за прашања од легитимен јавен интерес (тој ги цитирал Bladet Tromsø and Stensaas v. Norway [GC], бр. 21980/93, § 64, ECHR 1999‑III).
52. Во одговор на аргументот на Владата дека тој не го исполнувал предусловот во однос на лојалноста, жалителот направил разлика меѓу лојалноста кон Државата и лојалноста кон Владата. Тој потврдил дека барањето за лојалност кон Државата би можело да биде легитимно, но дека тоа не треба да се користи за оспорување на плурализмот на ставовите кога таквите ставови биле изразени во согласност со законот (тој упатил на предметот Tănase v. Moldova [GC], бр. 7/08, §§ 166-167, ECHR 2010). Жалителот дополнително тврдел дека Владата не обезбедила докази за неговите наводни повици на рушење на власта, користење насилство и предизвикување меѓународен скандал. Жалителот бил изненаден што Владата упатила на написите во медиумите за да ги поткрепи своите наводи со оглед на тоа што можеле да се најдат пообјективни докази. Тој упатил на позитивното мислење на службата за безбедност и спомнал дека тој бил казнет само еднаш со писмено предупредување поради учество во демонстрации и дека против него не биле изречени какви било кривични санкции; написите во медиумите само ги отсликувале мислењата на нивните автори. Тој се повикал на истите изјави за медиумите (видете став 17 горе) за аргументирање дека неговите протести биле организирани единствено против конкретната Влада, предводена од Премиерот, и против владејачката коалиција, а не против легитимната власт воопшто; дека тој не сакал да користи какво било насилство; неговата покана за „боксерски меч во полицискиот спортски клуб“ била направена за да се избегне какво било насилство на улиците. На крајот, изјавите што ги дал во текот на интервјуто на 10 декември 2004 година не можеле да претставуваат основ за одбивањето бидејќи тие изјави биле дадени откако Кабинетот на министри веќе одбил да му даде летонско државјанство.
53. Во секој случај, слободата на изразување ги опфаќала и идеите и изразите што навредуваат, шокираат или вознемируваат (тој го цитирал предметот Handyside v. the United Kingdom, 7 декември 1976 г., § 49, Серија A бр. 24), а слободата на собирање ги заштитувала, исто така, и демонстрациите што може да пречат или да ги навредуваат лицата што се противат на идеите или барањата што таквите демонстрации сакаат да ги промовираат (тој упатил на предметот Plattform “Ärzte für das Leben” v. Austria, 21 јуни 1988 г., § 32, Серија A бр. 139). Покрај тоа, ограничувањата на критиката биле пошироки во однос на Владата отколку во однос на приватните лица (тој го цитирал предметот Castells v. Spain, 23 април 1992 г., § 46, Серија A бр. 236).
2.Владата
54. Владата инсистирала дека жалбата на жалителот претставувала прикриен обид за негодување поради фактот што неговото барање за натурализација било одбиено. Владата останала на тврдењето дека жалителот не покажал на кој начин одбивањето значело мешање или на друг начин имало негативно влијание врз неговите права и слободи врз основа на член 10 и член 11 на Конвенцијата.
55. Според Владата, одбивањето на натурализацијата на никаков начин не ги засегнала правата и слободите на жалителот. Владата упатила на опсежните написи во медиумите во врска со јавните изјави на жалителот, во кои што тој слободно го изразил своето мислење и ставот за реформите на образованието, како и своите планови и активности во врска со тоа. Написите во медиумите го отсликале и учеството на жалителот на натамошни собири и демонстрации во 2005 година. Тој станал помошник на г-ѓа Ždanoka, пратеничка во Европскиот парламент, и продолжил да зборува против владината политика во однос на реформите на образованието. Владата навела конкретни примери за собири на кои што учествувал жалителот по одлуката од 16 ноември 2004 година (на пример, собирот на 6 декември 2004 година во врска со реформите во образованието). Покрај тоа, таа спомнала дека во 2012 година жалителот бил еден од организаторите на акцијата за собирање потписи за распишување референдум за давање државјанство на „недржавјаните“. Во истата година, жалителот учествувал во основањето на тело наречено „Конгрес на недржавјани“ и, во рамките на тоа тело, на 1 јуни 2013 година бил избран за пратеник во самопрогласениот „Парламент на незастапените“. Тој учествувал во повеќе конференции, протести и демонстрации, на кои што слободно го изразил своето мислење дека на „недржавјаните“ треба по автоматизам да им се даде државјанство.
56. Жалителот, исто така, не бил подложен на какви било казнувања, санкции, гонење или осудување од која било државна институција поради своите мислења или јавни коментари. Владата упатила на предметот Jokšas v. Lithuania (бр. 25330/07, 12 ноември 2013 г.) и сметала дека е релевантен за целите на овој предмет со оглед на тоа што, во тој предмет, не било утврдено какво било мешање и, според тоа, повреда во отсуство на какви било дисциплински санкции, гонење или осудување поради јавни коментари.
57. Владата не се согласила со жалителот дека одбивањето од страна на летонските власти да му дадат државјанство било казнена мерка и го разликувало овој предмет од предметот Ezelin v. France (26 април 1991 г., Серија A бр. 202). Во последно наведениот предмет жалителот добил дисциплинска санкција заради учество во демонстрации; таквата казна имала негативни последици за вработувањето на жалителот. Меѓутоа, во овој предмет, одбивањето да се даде државјанство имало само една непосредна последица – неможноста да се добие летонско државјанство во даден момент. Владата повторила дека немало штетни ефекти врз правата на жалителот во согласност со членовите 10 и 11 на Конвенцијата и дека одбивањето не го спречило жалителот да поднесе ново барање во иднина.
58. Владата сметала, исто така, дека треба да се прави разлика меѓу овој предмет и предметите Redfearn и Vogt, каде жалителите последователно доживеале проблеми при наоѓањето работа по нивното отпуштање (Redfearn v. the United Kingdom, бр. 47335/06, 6 ноември 2012 г., и Vogt v. Germany, 26 септември 1995 г., Серија A бр. 323). За споредба, одбивањето на приемот во летонско државјанство преку натурализација во овој предмет не повлекувало неповратно какви било тешкотии за жалителот бидејќи тој можел да поднесе повторно барање за добивање летонско државјанство. Исто така, тоа не довело до какви било негативни последици за неговата политичка кариера. Фактот што жалителот не поднел ново барање за натурализација покажал дека тој никогаш немал вистинска намера да добие летонско државјанство.
59. Владата упатила на горе цитираните Советодавно мислење за Уредбите за државјанство што се издаваат во Тунис и Мароко и предметот Nottebohm, тврдејќи дека во согласност со меѓународното право прашањата за државјанството се во исклучива надлежност на државите и се прашања што се исклучиво во домашна надлежност на државите. Регулативата во меѓународното право за прашањето на државјанството останува фрагментирана – таа опфаќа области како што се судирите на надлежностите за одлучување за државјанството и сукцесијата на државата, при што ниедна од овие области не е релевантна за целите на овој предмет. Владата спомнала дека обидите за развивање поунифицирани стандарди во однос на државјанството воопшто сè уште биле во тек, укажувајќи на фактот Европската конвенција за државјанство била ратификувана од само 16 земји во времето кога Владата ги поднела своите први забелешки (денес таа е ратификувана од 20 земји, видете став 39 горе).
60. Со упатување до стразбурската судска практика (Family K. and W. v. the Netherlands, бр. 11278/84, Одлука на Комисијата од 1 јули 1985 г, Одлуки и извештаи (DR) 43, стр. 216; Slepcik v. the Netherlands and the Czech Republic, бр. 30913/96, Одлука на Комисијата од 2 септември 1996 г., DR 86-B, стр. 176; и Jazvinsky v. the Slovak Republic (dec), бр. 33088/96, 52236/99, 52451/99, 52452/99, 52453/99, 52455/99, 52457/99, 52458/99, 52459/99, 7 декември 2000), Владата повторила дека правото на државјанство на определена држава не било дел од правата што се гарантираат со Конвенцијата или со нејзините протоколи.
61. Упатувајќи на пресудата на Уставниот суд во предметот бр. 2009-94-01, Владата тврдела дека државата има широк простор за одлучување при утврдувањето правила за државјанството (видете став Error! Reference source not found. горе). Владата повторила дека натурализацијата била прашање на политичка одлука на државата и дека секоја држава има механизам наменет за идентификување на граѓаните што и биле лојални на таа држава; државата не може да биде обврзана да им даде државјанство на лица што таа смета дека се неинтегрирани, нелојални и нечесни.62. Летонскиот закон не го гарантира правото за прием во летонско државјанство преку натурализација; тој само го предвидува правото за поднесување барање за добивање државјанство ако се исполнети определени критериуми. Владата понатаму го објаснила процесот на натурализација во два чекори. Прво, Комисијата за натурализација ги врши административните задачи за прием и прегледување на поединечните барања за да утврди дали тие ги исполнуваат или не ги исполнуваат законски утврдените критериуми, а нејзината одлука подлежи на судско разгледување во согласност со член 17(3) на Законот за државјанство. Второ, задачата на Кабинетот на министри е од дискрециска природа, наменета, меѓу другото, да ги земе предвид политичките прашања, вклучувајќи ја лојалноста на лицето кон Република Летонија. Кабинетот на министри заклучил дека изјавите и постапките на жалителот биле насочени кон дестабилизирање на состојбата во државата и дека тој ја злоупотребил постапката за натурализација за постигнување на таа цел (видете став 17 горе).
63. Покрај тоа, изјавите и постапките на жалителот не биле во согласност со темелните вредности на Република Летонија како демократска држава и тој не го исполнил предусловот за лојалност во согласност со член 18 на Законот за државјанство. Упатувајќи на горе цитираниот предмет Nottebohm, Владата сметала дека е нормално да бара од кандидатите за натурализација да покажат вистинска врска со земјата, вклучувајќи определен степен на лојалност кон Република Летонија кога го добиваат нејзиното државјанство. Иако признала дека член 10 на Конвенцијата начелно го заштитува правото на изразување на начин што навредува, шокира или вознемирува, Владата забележала, исто така, дека лицето што ја остварува својата слобода на изразување презема должности и одговорности со опфат што зависи од конкретната ситуација (Владата упатила на предметот Handyside, цитиран горе, § 49). Според мислењето на Владата, жалителот имал обврска да ги избере средствата со кои што сакал да ги постигне своите цели и да се воздржи од провокативни изјави во однос на можноста за користење насилство, на тој начин подривајќи ги основните вредност на демократското општество. Слично на тоа, Владата забележала дека член 11 на Конвенцијата не ги заштитува лицата што имаат насилни намери што резултираат во јавни нереди (Владата го цитирала предметот G. v. the Federal Republic of Germany, бр. 10833/84, Одлука на Комисијата од 13 октомври 1987 г.).
64. Во овој предмет, не можело да се смета дека жалителот ја остварувал својата слобода на изразување или собирање кога застапувал идеи во врска со членовите на заедницата што зборуваат на руски јазик и реформите на образованието. Целта на Кабинетот на министри, преку одбивањето да го прими жалителот во државјанство преку натурализација, не била да го казни жалителот за какви било недела, туку да ја заштити демократијата што е воспоставена со Уставот.
65. На крајот, во своите забелешки по утврдувањето на допуштеноста, Владата забележала дека во домашните постапки жалителот никогаш не се пожалил на какво било вмешување или ограничување на неговата слобода за изразување или собирање. Наместо тоа, тој изречно се жалел во врска со одлуката за одбивање на натурализацијата, и, според мислењето на Владата, овој предмет требало да се разликува од предметот Heinisch v. Germany (бр. 28274/08, ECHR 2011 (извадоци)).
Б. Процената на Судот
1.Општи начела
66. Пресудата на Големиот совет на Судот во предметот Mouvement raëlien suisse v. Switzerland (бр. 16354/06, § 48, ECHR 2012 (извадоци)) ги повтори основните начела во однос на слободата на изразување (упатувајќи на предметите Stoll v. Switzerland [GC], бр. 69698/01, § 101, ECHR 2007 V, и Steel and Morris v. the United Kingdom, бр. 68416/01, § 87, ECHR 2005-II) како што следува:
„(i) Слободата на изразување претставува еден од суштинските темели на едно демократско општество и еден од основните услови за неговиот напредок и за себеисполнетост на секоја личност. Во согласност со став 2 на член 10, се применува не само за „информации“ или „идеи“ што се примени со наклонетост или рамнодушност или се сметаат за ненавредливи, туку и за оние што навредуваат, шокираат или вознемируваат. Такви се барањата на плурализмот, толеранцијата и широките сфаќања без кои што нема „демократско општество“. Како што е наведено во член 10, оваа слобода подлежи на исклучоци, што ... сепак мора да се толкуваат прецизно, а потребата за какви било ограничувања мора да се утврди на убедлив начин ...
(ii) Придавката „потребно“, во смисла на член 10 § 2, повлекува постоење на „неодложна општествена потреба“. Договорните земји имаат определен простор за одлучување при проценувањето дали постои таква потреба, но тоа оди рака под рака со европскиот надзор, што ги опфаќа и законодавството и одлуките со кои што тоа се применува, дури и оние одлуки што ги донесува независен суд. Оттаму, Судот е овластен да донесе конечна пресуда за тоа дали „ограничувањето“ e усогласено со слободата на изразување како што е заштитена со член 10.
(iii) Задачата на Судот при извршувањето на својата надзорна надлежност не е да ги замени надлежните национални власти туку да ги разгледа во согласност со член 10 одлуките што ги донеле тие органи во согласност со своите дискрециски права. Ова не значи дек надзорот е ограничен на утврдување дали тужената држава го остварила своето дискрециско право разумно и внимателно и со добри намери; она што Судот мора да го стори е да го разгледа попречувањето што е предмет на жалбата во контекст на предметот во целина и да утврди дали причините што ги понудиле националните власти за до го оправдаат таквото мешање се „релевантни и доволни“ ... Притоа, Судот мора да се увери дека националните власти примениле стандарди што се усогласени со начелата што се вградени во член 10 и, освен тоа, дека тие се потпирале врз прифатлива процена на релевантните факти ...“
67. Судот, исто така, го нагласува „ефектот на обесхрабрување“ што стравот од санкции го има врз остварувањето на слободата на изразување. Овој ефект, што работи на штета на општеството како целина, на ист начин претставува и фактот што ја засега сразмерноста, а оттаму и оправданоста, на санкциите што им се изрекуваат на лицата (видете Kudeshkina v. Russia, бр. 29492/05, § 99, 26 февруари 2009 г. со дополнителните упатувања).
68. Исклучоците од правилото за слободата на здружување што се утврдени во член 11, исто како оние од член 10, треба да се толкуваат прецизно и само убедливи и несовладливи причини може да ги оправдаат ограничувањата на таа слобода. Секое мешање мора да соодветствува на „неодложна општествена потреба“; оттаму, концептот за „потребно“ не ја поседува флексибилноста на изразите како „корисно“ или „пожелно“ (видете Gorzelik and Others v. Poland [GC], бр. 44158/98, § 95, ECHR 2004‑I)
69. Судот неодамна повтори дека плурализмот, толеранцијата и широките сфаќања се основните обележја на „демократското општество“. Иако индивидуалните интереси во определени случаи мора да се подредат на интересите на групата, демократијата не значи дека ставовите на мнозинството мора секогаш да преовладуваат: мора да се постигне рамнотежа што гарантира правичен однос кон лицата што припаѓаат на малцинствата и избегнување на какви било злоупотреби на доминантната позиција. Плурализмот и демократијата мора, исто така, да се засноваат врз дијалог и врз духот на компромисот што задолжително повлекуваат различни отстапки од страна на поединците или групите поединци кои се оправдани за целите на одржувањето и унапредувањето на идеалите и вредностите на едно демократско општество (видете S.A.S. v. France [GC], бр. 43835/11, § 128, ECHR 2014 (извадоци) со дополнителните упатувања). Почитувањето на ставовите на малцинството од страна на државата преку толерирање на однесувањето што само по себе не е некомпатибилно со вредностите на демократското општество или не е целосно надвор од нормите на однесување на таквото општество и е далеку од создавањето неправични нееднаквости или дискриминација, осигурува кохезивен и стабилен плурализам и ги промовира сложноста и толеранцијата во општеството (видете, mutatis mutandis, Bayatyan v. Armenia [GC], бр. 23459/03, § 126, ECHR 2011).
71. Судот, исто така, утврди дека „забелешката насочена против основните вредности на Конвенцијата“ е тргната од заштитата врз основа на член 10 од страна на член 17 (видете Lehideux and Isorni v. France, 23 септември 1998 г., § 53, Извештаи 1998-VII, и Garaudy v. France (dec.), бр. 65831/01, ECHR 2003-IX). Слободите што се гарантираат во членовите 10 и 11 на Конвенцијата не може да ги лишат властите на некоја држава во која што некое здружение, преку своите активности, ги загрозува институциите на таа држава, од правото да ги заштитува тие институции. Во врска со ова, Судот укажува дека претходно утврдил дека во системот на Конвенцијата е вграден определен компромис меѓу барањата за обраната на демократското општество и индивидуалните права. За да постои компромис од таков вид, сите интервенции на властите мора да бидат во согласност со став 2 на член 11. Дури откако ќе биде завршено таквото разгледување, Судот ќе биде во положба да одлучи, со оглед на околностите на предметот, дали треба да се примени член 17 на Конвенцијата (видете Refah Partisi (the Welfare Party) and Others v. Turkey [GC], бр. 41340/98, 41342/98, 41343/98 и 41344/98, § 96, ECHR 2003‑II).
70. Судот смета дека никој не треба да биде овластен да се потпира врз одредбите на Конвенцијата со цел да ги ослаби или уништи идеалите и вредностите на едно демократско општество. Според тоа, за да ги гарантира стабилноста и ефективноста на демократскиот систем, државата може да има потреба да презема посебни мерки за да се заштити себеси. Секогаш кога некоја држава има намера да се потпре врз начелото за „демократија што е способна да се заштити себеси“ за да го оправда мешањето во личните права, таа мора внимателно да ги оцени опфатот и последиците на предметната мерка за да осигури дека е постигната претходно наведената рамнотежа (видете Ždanoka v. Latvia [GC], бр. 58278/00, §§ 99 и 100, ECHR 2006‑IV).
71. На крајот, Судот повторува дека „правото на државјанство“, слично на тоа во член 15 на Универзалната декларација за човекови права, или правото за стекнување или задржува определено државјанство, не се гарантира со Конвенцијата или со нејзините протоколи. Меѓутоа, Судот не ја исклучува можноста дека произволното лишување од државјанството би можело во определени околности да биде предмет на жалба врз основа на член 8 на Конвенцијата поради влијанието на таквото лишување врз приватниот живот на лицето (видете Karassev, цитиран горе, и Slivenko and Others v. Latvia (dec.) [GC], бр. 48321/99, § 77, ECHR 2002-II). На ист начин, Судот пресуди дека правото на откажување на државјанството се гарантира со Конвенцијата или нејзините протоколи; сепак, Судот не може да исклучи дека произволното одбивање на барањето за откажување од државјанство би можело, во определени многу исклучителни околности, да биде предмет на жалба врз основа на член 8 на Конвенцијата ако таквото одбивање има влијание врз приватниот живот на лицето (видете Riener v. Bulgaria, бр. 46343/99, §§ 153-154, 23 мај 2006 г.).
72. Оттаму, Судот сметаше дека во околностите кога некоја земја-членка ги надминала своите обврски од член 8 создавајќи право на државјанство по пат на наследство и утврдувајќи постапка за таа цел, таа држава мора последователно да осигури дека правото се обезбедува без дискриминација во смисла на член 14 на Конвенцијата (видете Genovese, цитиран горе, § 34).
2.Примена на тие начела во овој предмет
73. Судот забележува дека жалителот сметал дека имало мешање во неговата слобода за изразување и собирање поради фактот што Кабинетот на министри донел негативна одлука во врска со неговото барање за добивање летонско државјанство преку натурализација и на тој начин го казнил поради неговите ставови и дека тоа имало ефект на обесхрабрување врз остварувањето на неговите слободи. Владата ги разграничила одлуката да не даде државјанство преку натурализација и правото на слобода на изразување, при што жалителот можел слободно да го остварува ова право со или без летонско државјанство.
74. Со оглед на одлуката на Судот да го приклучи кон основите приговорот на Владата во однос на надлежноста на Судот ratione materiae (видете став 4 горе), првото прашање што Судот сега треба да го утврди е дали членовите 10 и 11 се применливи во околностите на овој предмет.
75. Жалителот тврдел дека одбивањето да му се даде летонско државјанство преку натурализација било казнена мерка во одговор на ставовите што ги изразил во текот на различните демонстрации против реформите на образованието. Судот забележува, меѓутоа, дека жалителот бил во состојба слободно да ги изразува своите ставови, за што масовните медиуми известувале нашироко во предметното време (видете ставови Error! Reference source not found., Error! Reference source not found., Error! Reference source not found. и Error! Reference source not found. горе). Покрај тоа, тој продолжил да ги изразува своите ставови во врска со реформите на образованието без какви било пречки откако неговото барање за натурализација било одбиено (видете ставови 8 и 15 горе). Понатаму, жалителот останал политички активен и продолжил да ги изразува своите ставови и за други прашања од јавен интерес (видете став 56 горе). Судот забележува дека достапноста или отсуството на определен граѓански статус се чини дека не ги попречувале граѓанските активности на жалителот. Иако жалителот останал на тврдењето дека одлуката во врска со неговото барање за натурализација влијаела врз неговата храброст за јавно искажување на своите ставови и, според тоа, го попречила неговото учество во дебатите за прашања од јавен интерес, Владата поднела бројни докази за спротивното (видете ставови 8, 15, 17 и 56 горе), а жалителот не до поткрепил дополнително своето тврдење и не поднел какви било докази во врска со тоа. Судот, исто така, не поседува какви било други информации што сугерираат дека владината политика во однос на државјанството можеби имала ефект на обесхрабрување врз жалителот или други лица што изразуваат слични ставови.
76. Жалителот спомнал една материјална последица на одбивањето на натурализацијата: Тој не можел да гласа или да се кандидира на општинските и на парламентарните избори, или на изборите за Европскиот парламент. Меѓутоа, Судот забележува дека приговорот на жалителот во овој предмет не се однесува на правата што се утврдени во член 3 на Протоколот бр. 1 на Конвенцијата (во споредба со предметот Ždanoka, цитиран горе, § 73). Ниту, пак, жалителот тврди дека постои повреда на член 8 на Конвенцијата поради тоа што не можел да го задржи својот тековен граѓански статус (во споредба со предметот Kurić and Others v. Slovenia [GC], бр. 26828/06, § 314, ECHR 2012 (извадоци)). Пред сѐ, одлуката на Судот за допуштеноста на оваа жалба го утврдува опфатот на предметот што тековно го разгледува и таа не вклучува какви било жалби освен оние врз основа на членовите 10, 11 и 13 на Конвенцијата (видете ставови 3 и 4 горе).
77. Дополнително, самиот жалител признал дека никогаш не бил предмет на кривични санкции поради изразувањето на своето мислење или поради учеството во демонстрации. Се чини дека тој добил едно предупредување за учество во протест; меѓутоа, тој не навел какви било дополнителни детални податоци во врска со тоа – датум, место или контекст.
78. Судот сега ќе оцени дали одлуката за натурализација имала каков било казнен карактер во смисла на остварувањето на слободата на изразување и собирање на жалителот. Во согласност со меѓународното право, одлуките за натурализација или каков било друг облик на давање државјанство се прашања што првенствено се во делокругот на домашната надлежност на државата; тие вообичаено се засноваат врз различни критериуми наменети за утврдување на врската меѓу државата и лицето што бара државјанство (видете ставови Error! Reference source not found. и 38 горе). Иако Европската конвенција за државјанство не е широко ратификувана од страна на земјите-членки на Советот на Европа (видете став 39 горе), како што е наведено во нејзиниот Извештај со објаснувања, нејзината дефиниција за државјанство се потпира врз традиционалното сфаќање за врската на државјанството што е изразено од страна на Меѓународниот суд на правдата во предметот Nottebohm (видете ставови 40 и 41 горе). Изборот на критериумите за целите на постапката за натурализација начелно не подлежи на какви било посебни правила на меѓународното право и државите имаат слобода да одлучуваат за натурализацијата на поединците (видете став 38 горе). Меѓутоа, во определени ситуации, дискрециското право на државите може да биде ограничено од начелото за неинтервенирање, според кое што на државата и е забрането да се меша во внатрешните или надворешните работи на некоја друга држава (видете Воени и паравоени активности во и против Никарагва (Military and Paramilitary Activities in and against Nicaragua) (Nicaragua v. United States of America), Основи, пресуда на МСП од 27 јуни 1986 г., ставови 202-205). Без оглед на тоа, таквото ограничување не може да се смета дека има какво било значење за целите на овој предмет.
79. Во оваа смисла, жалителот претставил два аргументи во однос на тврдењето дека дискрециското право на државата не било целосно неограничено во однос на прашањата поврзани со давање државјанство. Прво, тој упатил на Универзалната декларација за човекови права и на судската практика на Интерамериканскиот суд за човекови права. Меѓутоа, како што Судот веќе забележа горе, Конвенцијата не предвидува „право на државјанство“ слично на тоа од член 15 на Универзалната декларација за човекови права (видете став 73 горе). Упатувањето од страна на жалителот на судската практика на Интерамериканскиот суд за човекови права, исто така, е погрешно со оглед на тоа што Американската конвенција за човекови права, што претставува регионален инструмент, експлицитно предвидува право на државјанство во член 20 (видете ставови 43-45 горе).
80. Вториот аргумент на жалителот бил дека дискрециското право на државата е ограничено од обврската за намалување на бездржавјанството. Судот забележува дека жалителот и припаѓа на категоријата жители на Летонија што добиле посебен граѓански статус во согласност со домашното право – „постојани жители без државјанство“(nepilsoņi) – односно, државјани на поранешниот СССР што го загубиле своето советско државјанство по распаѓањето на СССР но, иако имале право на тоа, последователно не земале какво било друго државјанство (водете, за подетални информации во врска со категориите на жители во Летонија, Slivenko, цитиран горе, §§ 50-53, и Sisojeva and Others, цитиран горе, §§ 46-47). Жалителот не покажал како достапноста или недостапноста на определен статус во домашното право би влијаела врз неговото остварување на слободата на изразување и собирање.
83. Навраќајќи се на системот на Конвенцијата, Судот повторува дека во определени околности пресудил дека произволните или дискриминаторските одлуки во областа на државјанството може да отворат прашања воопшто согласно правото за човековите права и посебно во согласност со Конвенцијата (видете ги горе цитираните предмети Karassev, Riener, § 153, и Genovese, § 34). Меѓутоа, како што беше забележано горе, ниту Конвенцијата, ниту меѓународното право не предвидуваат право за добивање некое определено државјанство. Жалителот го прифатил ова. Судот забележува дека не постои ништо во летонскиот Закон за државјанство што упатува на тоа дека жалителот можел безусловно да полага право на летонското државјанство (видете ставови 20, 29 и 63 горе) или дека негативната одлука на Кабинетот на министри би можела да се смета за произволно лишување од таквото државјанство (во споредба со предметот Genovese, цитиран горе, § 34).
81. Прашањето дали жалителот има или нема докажливо право да добие државјанство на некоја држава мора начелно да се реши преку упатување на домашното право на таа држава (видете Kolosovskiy v. Latvia (dec.), бр. 50183/99, 29 јануари 2004 г.). Слично на тоа, прашањето дали некое лице било лишено од државјанството на некоја држава произволно и на начин што може да отвори прашање во согласност со Конвенцијата треба да се утврди со упатување на одредбите на домашното право (видете Fehér and Dolník v. Slovakia (dec.), бр. 14927/12 и 30415/12, § 41, 21 мај 2013 г.). Изборот на критериумите за целите на давањето државјанство преку натурализација во согласност со домашното право е поврзан со природата на врската меѓу државата и предметното лице, што секое општество смета дека неопходно треба да се осигури. Во голем број јурисдикции добивањето на државјанството е проследено од давање заклетва за верност со која што лицето се заколнува на лојалност кон државата. Судот го има разгледано прашањето на лојалноста, иако во донекаде различниот контекст на изборните права, и ги разграничи лојалноста кон државата и лојалноста кон Владата (видете Tănase, цитиран горе, § 166).
82. Судот забележува дека оценувањето на лојалноста за целите на одлуката за натурализација во овој предмет не се однесува на лојалноста кон владата што е на власт, туку кон државата и нејзиниот Устав. Судот смета дека една демократска држава има право да бара од лицата што сакаат да го добијат нејзиното државјанство да бидат лојални кон државата и, особено, кон уставните начела врз кои што се заснова државата. Жалителот не го оспорил тоа. Судот се согласува со жалителот дека, при остварувањето на неговата слобода на изразување и собирање, тој има слобода да не се согласува со владините политики под услов ако таквата критика се врши во согласност со законот; исто така, точно е дека границите на допуштеното критикување се пошироки кога се работи за владата отколку кога се работи за некое приватно лице или дури и за некој политичар. Меѓутоа, ова е сосема различно од прашањето за утврдените критериуми за натурализација и постапката за натурализација, при што и двете се утврдени од страна на домашното право. Барањето за лојалност кон државата и нејзиниот Устав не може да се смета за казнена мерка што може да ја попречува слободата на изразување и собирање. Наместо тоа, се работи за критериум што треба да го исполни кое било лице што сака да добие летонско државјанство преку натурализација.
83. Судот не гледа на кој начин жалителот бил спречен да го изразува своето несогласување со владината политика за прашањето што било од негов интерес. Судот, исто така, не може да воочи какви било факти што би укажале на тоа дека тој бил спречен да учествува во какви било собири или движења.
84. Според тоа, членовите 10 и 11 на Конвенцијата не се применливи во околностите на овој предмет и Судот го прифаќа приговорот на Владата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 13 НА КОНВЕНЦИЈАТА
85. Жалителот, исто така, вложил жалба врз основа на член 13 на Конвенцијата дека немал каков било делотворен домашен правен лек во однос на неговите наводно прекршени права бидејќи Сенатот на Врховниот суд пресудил дека одлуката на Кабинетот на министри била политичка одлука. Тој сметал дека барањето за надзорно разгледување од јавниот обвинител не било ефективен правен лек бидејќи неговата одлука во овој предмет не би била предмет на жалба.
86. Член 13 на Конвенцијата го предвидува следново:
„Секој човек, чиишто права или слободи што се утврдени со оваа Конвенција се нарушени има право на ефективен правен лек пред националните власти, без оглед на тоа дали повредата на правата и слободите ја сториле лица при вршење на службена должност.“
87. Владата не се согласила со тоа.
88. Како што Судот има утврдено во повеќе наврати, член 13 на Конвенцијата ја гарантира достапноста на национално ниво на правен лек за реализирање на суштината на правата и слободите од Конвенцијата без оглед на тоа во каква форма се обезбедени во домашниот правен поредок. Оттаму, ефектот на член 13 е да бара обезбедување домашен правен лек за решавање на суштината на „жалбено барање што може да се одбрани, односно оспорува“ врз основа на Конвенцијата и да обезбеди соодветно обесштетување, иако договорните земји имаат определено дискрециско право во однос на начинот на кој што ги исполнуваат своите обврски од Конвенцијата врз основа на оваа одредба (видете, на пример, Bazjaks v. Latvia, бр. 71572/01, § 127, 19 октомври 2010 г., со дополнителните упатувања).
89. Бидејќи веќе утврди дека членовите 10 и 11 на Конвенцијата не се применливи во овој предмет, Судот го донесува истиот заклучок во однос на член 13, со оглед на тоа што не постои „жалбено барање што може да се одбрани, односно оспорува“ врз основа на Конвенцијата (видете Boyle and Rice v. the United Kingdom, 27 април 1988 г., § 52, Серија A бр. 131).
ПОРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1.Заклучува дека членовите 10 и 11 на Конвенцијата не се применливи.
2.Заклучува дека член 13 на Конвенцијата не е применлив.
Изготвено на англиски јазик и доставено во писмена форма на 13 јануари 2015 година, во согласност со Правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Françoise Elens-PassosPäivi Hirvelä
Секретар на ОдделотПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
[1]. Било направено упатување до медиумските извештаи од 27 април, 28 јули, 14 и 17 август 2004 година.
[2]. Било направено упатување до медиумските извештаи од 21 февруари и 13 март 2004 година.
[3]. Било направено упатување до медиумските извештаи од 21 февруари, 8 март и 1 април 2004 година.
[4]. Било направено упатување до медиумскиот извештај од 21 февруари 2004 година.
[5]. Било направено упатување до медиумскиот извештај од 10 декември 2004 година.
Full & Egal Universal Law Academy