© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
TРЕТ ОДДЕЛ
CЛУЧАЈ POGHOSYAN И BAGHDASARYAN против ЕРМЕНИЈА
(Жалба бр. 22999/06)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
12 јуни 2012
КОНЕЧНА
12/09/2012
Оваа пресуда стана конечна согласно член§ 2 oд Конвенцијата. Може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Poghosyan и Baghdasaryan против Ерменија,
Европскиот суд за човекови права (Трет оддел), заседавајќи како Голем судски совет во состав:
Josep Casadevall, Претседател,
Alvina Gyulumyan,
Egbert Myjer,
Ján Šikuta,
Ineta Ziemele,
Luis López Guerra,
Kristina Pardalos, судии,
и Santiago Quesada, Секретар на оддел,
Откако расправаше на затворена седница на 22 мај 2012,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на тој датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 22999/06) против Република Ерменија поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човекови права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на двајца ерменски државјани, г-н Armen Poghosyan и г-ѓа Anahit Baghdasaryan („жалителите“), на 16 мај 2006.
2. Жалителите беа застапувани од г-ѓа S. Safaryan, адвокат од Јереван. Ерменската Влада („Владата“) ја застапуваше нејзиниот агент, г-н G. Kostanyan, Застапник на Република Ерменија пред Европскиот суд за човекови права.
3. Г-н Poghosyan („првиот жалител“) тврдеше, особено, дека не му бил доделен надомест на нематеријална штета за тоа што бил подложен на злоупотреба, незаконито апсење и лишување од слобода, и неправична осуда.
4. На 20 ноември 2008 жалбата беше комуницирана до Владата. Беше исто така одлучено истовремено да се донесе одлука за допуштеноста и основаноста на жалбата (член 29 § 1).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителите се родени во 1976 и 1932 соодветно и живеат во Саратовка, Ерменија.
6. Втората жалителка е мајка на првиот жалител.
7. На 8 октомври 1998 првиот жалител бил одведен во полициска станица заради сомнение дека извршил силување и убиство. Бил составен записник за апсењето на жалителот, во кој убиство било наведено како причина за апсењето и кој бил потпишан од жалителот. Во полициската станица првиот жалител бил подложен на злоупотреба од повеќе полициски службеници и покасно, кога бил испрашан од истражителот, тој го признал кривичното дело.
8. На 11 октомври 1998 првиот жалител бил ставен во притвор и на 21 октомври 1998 тој бил формално обвинет за силување и убиство.
9. На 29 март 1999 Регионалниот суд во Лори го осудил првиот жалител за делата за кои бил обвинет и му изрекол казна затвор во траење од петнаесет години, засновајќи ја осудата, помеѓу останатото, на негово признание. Оваа пресуда била потврдена од Кривичниот и воен апелационен суд и Касациониот суд на 20 мај и 16 јуни 1999 соодветно. Се чини дека во текот на постапката првиот жалител неуспешно тврдел дека неговото признание било изнудено со принуда.
10. Конвенцијата и Протоколот бр. 7 влегоа во сила во однос на Ерменија на 26 април и 1 јули 2002 соодветно.
11. На 24 ноември 2003 Канцеларијата на главниот обвинител поднесла барање постапката против жалителот да биде повторена затоа што биле откриени нови околности кои ја покажуваат неговата невиност. Особено, бил најден вистинскиот извршител на делата кои му биле припишани на првиот жалител, откако тој извршил слично кривично дело. Понатаму, осудата на првиот жалител била заснована на фабрикувани докази добиени спротивно на законот.
12. На 2 април 2004 Касациониот суд одлучил да го прифати предлогот и да ја укине осудата на жалителот, и го вратил предметот за да се спроведе истрага. При тоа, Касациониот суд одлучил дека утврдил дека била откриени нови околности после осудата на првиот жалител а кои не им биле познати на судовите во релевантниот период. Овие околностите давале доволна основа за да се верува дека дошло до повреди на законската кривична процедура во текот на разгледувањето на предметот на првиот жалител кои можеби имале влијание врз објективното, темелно и целосно испитување на предметот.
13. На 17 април 2004 била започната кривична постапка против истражителот и повеќе полициски скужбеници кои работеле на првичната истрага. Тие биле обвинети за пречекорување на надлежноста присилувајќи го првиот жалител да сведочи.
14. На истиот датум првиот жалител бил ослободен од затвор со писмено ветување дека нема да го напушти местото на живеење, откако отслужил пет години и шест месеци од неговата казна.
15. На 29 април 2004 кривичната постапка против жалителот била запрена согласно член 35 став 1(2) од Законот за кривична постапка заради немање докази.
16. На истиот датум Канцеларијата на главниот обвинител испратила допис до првиот жалител со кој тој бил известен за одлуката и за фактот дека од тој момент тој се смета за „ослободено лице“ и дека имал право да бара надомест на штета според граѓанскиот закон. Во писмото се додавало дека Канцеларијата на главниот обвинител барала проштевање за неоправданата осуда.
17. На 6 мај 2004 првиот жалител бил прогласен за жртва. Во релевантната одлука било наведено дека нему му била нанесена психолошка, физичка и материјална штета како последица на незаконитите постапки на полициските службеници и истражниот орган.
18. На 15 јуни 2005 Регионалниот суд во Лори ги осудил полициските службеници за делата за кои биле обвинети и им изрекол казна затвор во траење од три години и им изрекол забрана за работа на определени работни места во период од две години, но применил амнестија со која тие биле ослободени од служењето на нивните затворски казни. Регионалниот суд заклучил, помеѓу другото, дека на 8 октомври 1998 првиот жалител и неговиот брат биле одведени во полициска станица, каде полициските службеници го малтретирале првиот жалител за да изнудат призание. Кога првиот жалител одбил да признае, еден од полициските службеници го клоцал и удирал со тупаници и потоа незаконито го притворил во полициската станица. Покасно дента двајца полициски службеници продолжиле да го тепаат првиот жалител. Еден од нив го удрил по ушите со двете раце, како последица на што дошло до руптура на ушното тапанче. Потоа тие донесле шише и се обиделе да го седнат првиот жалител на него. Истовремено, друг полицаец го тепал братот на првиот жалител во канцеларија во близина, а првиот жалител ги слушал врисоците на својот брат. Сфаќајќи дека немало друг начин да го избегне малтретирањето, првиот жалител го признал убиството. Следниот ден, пред да го однесат првиот жалител на местото на настанот за увид, еден од полициските службеници го удрил со тупаници неколку пати како предупредување. После тоа, на 14, 16 и 19 октомври 1998 првиот жалител бил одведен во просторија за притвор во полициската станица, каде полициските службеници продолжиле да го малтретираат за да го натераат да признае дека ја силувал жртвата пред да ја убие, и жалителот бил принуден да признае, не можејќи да го издржи малтретирањето.
19. Против таа пресуда не била поднесена жалба.
20. На 17 септември 2004 првиот жалител поднел граѓанска тужба до судовите, барајќи надомест на материјална штета во износ од 34,050,000 ерменски драми (AMD) за злоупотребата, незаконитиот притвор и неоправданата осуда. Тој се повикал на член 3, 5 и 6 од Конвенцијата.
21. На неутврден датум г-ѓа Baghdasaryan („втората жалителка“) се приклучила кон граѓанската постапка како тужител, барајќи приближно половина од материјалната штета која ја барал првиот жалител.
22. На неутврден датум првиот жалител поднесол дополнително барање, барајќи надомест на наметаеријална штета во износ од AMD 60,000,000. Тој изјавил, помеѓу останатото, дека иако до тој момент барал само материјална штета, тој всушност претрпел повеќе нематеријална штета. Судската пракса според Конвенцијата наложувала да биде доделена нематеријална штета во такви случаи.
23. На 28 април 2005 Контрун и Норк-Мараш Окружниот суд во Јереван го одбил барањето за нематеријална штета од причина што тој вид на штета на бил предвиден со член 17 од Граѓанскиот законик. Окружниот суд делумно го прифатил барањето за надомест на материјална штета, одлучувајќи, помеѓу другото, дека согласно член 66 од ЗГП, првиот жалител – како ослободено лице – имал право да бара надомест на материјална штета за незаконито апсење, притвор, обвинение и осуда, доделувајќи му AMD 6,250,000 за изгубена заработувачка во периодот од 11 октомври 1998 и 17 април 2004. На втората жалителка ѝ биле доделени AMD 1,500,000 за патни трошоци, поштенски трошоци за испраќање пакети, и за трошоци за постапката.
24. На 12 мај 2005 првиот жалител изјавил жалба.
25. На 31 август 2005 Граѓанскиот апелационен суд ја одбил жалбата на првиот жалител и ја потврдил пресудата на Окружниот суд.
26. На 16 септември 2005 жалителите поднесле ревизија.
27. На 18 ноември 2005 Касациониот суд ја одбил ревизијата на жалителите.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
A. Граѓански законик (во сила од 1 јануари 1999)
28. Релевантните одредби од Граѓанскиот законик предвидуваат:
Член 17: Надомест на штета
„1. Секој чии права биле повредени може да бара целосен надомест на претрпената штета, освен ако со закон или со договор е предвиден понизок износ на надоместот.
2. Штетата се трошоците кои ги има или кои треба да ги има лицето чии права биле повредени во врска со враќањето на повредените права, загуба на имот или штета на имот (материјална штета, вклучувајќи загубена заработувачка за износите кои лицето би ги стекнало во нормални услови на граѓански живот, ако неговите права не биле повредени (загубена заработувачка)...“
Член 1064: Одговорност за штета предизвикана од незаконити дејствија на истражен службеник, истражен орган, кацеларија на обвинител или судовите
„1. Штетата настаната како последица на незаконита осуда, [незаконито] кривично гонење, изрекување на превентивна мерка во форма на притвор или писмено ветување дека нема да го напушти местото на живеење, [незаконито] изрекување административна казна ќе биде во целост надоместена, во постапка предвидена со закон, од страна на Република Ерменија, без оглед на вината на службените лица на истражителот, истражниот орган, обвинителството или судовите. ...“
Б. Закон за кривична постапка (во сила од 12 јануари 1999)
29. Релевантните одредби на Законот за кривична постапка предвидуваат:
член 35: Околности кои исклучуваат отворање на кривична постапка или кривично гонење
“1. Ниту ќе биде поведена кривична постапла (Քրեական գործի վարույթ) ниту ќе биде подигнато обвинение (քրեական հետապնդում) и секоја кривична постапка која е поведена ќе биде запрена, ако: ... (2) нема докази за кривичното дело; ...“
член 66: Ослободено лице
„1. Лицето ќе се смета за ослободено ако кривичното гонење или кривичната постапка против него биле запрена...од причини предвидени со, меѓу останатото, член 35 § 1(2) oд овој Закон или ако било ослободено со судска пресуда.
...
3. Ослободеното лице ќе... има право да бара целосен надомест за материјалната штета предизвикана како последица на незаконито апсење, притвор, обвинение и осуда, со земање предвид на можна изгубена добивка. ...“
III. РЕЛЕВАНТНИ ДОКУМЕНТИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА
Објаснувачки извештај кон Протокол бр. 7 на Конвенцијата за заштита на човековите орава и основни слободи (ETS бр. 117)
30. Релевантните делови од Објаснувачкиот извештај гласат:
член 3
„22. Овој член предвидува дека надомест на штета ќе биде исплатен за неоправдана осуда, под определени услови.
Прво, засегнатото лице мора да било осудено за кривично дело со правосилна одлука и да било казнето како последица на таа осуда. Според дефиницијата содржана во објаснувачкиот извештај на Европската конвенција за меѓународно признавање на пресуди од кривична постапка, една одлука е правосилна „ако, според традиционалниот израз, таа станала res judicata. Tоа е случај кога таа е неотповиклива, што значи не се достапни повеќе редовни правни лекови или ако странките ги искористиле тие лекови или дозволиле временскиот рок за нивно поднесување да истече без да ги искористат.“ Затоа следува дека една пресуда не се смета за правосилна сѐ додека домашното право дозволува постапката да биде повторно продолжена. Исто така, тој член не се применува на случаи во кои обвинението е одбиено или ако обвинетото лице е ослободено или од првостепен суд, или, по жалба, од повисок суд. Ако, сепак, една од државите во кои таква можност е предвидена, на лицето му е одобрено да поднесе жалба после истекувањето на вообичаениот рок, и неговата осуда е укината по жалба, тогаш согласно условите од овој член, особено условите опишани во параграф 24 подолу, овој член може да биде применлив.
23. Второ, овој член се применува само кога осудата на лицето била укината или ако тоа било помилувано, и во двата случаи од причина што нов или новооткриен факт цврсто покажува дека дошло до неоправдана осуда – што значи, некој сериозен пропуст во судската постапка вклучувајќи сериозна штета за осуденото лице. Затоа, нема услов согласно овој член да се плати надомест ако осудата била укината или ако било дадено помилување од некоја друга причина. Ниту пак со членот треба да се постават било какви правила во однос на карактерот на постапката која треба да се примени за да се утврди погрешна осуда. Тоа е прашање на домашното право или пракса на конкретната држава. Зборовите „или тој бил помилуван“ биле вклучени затоа што во некои системи помилувањето, а не судската постапка која ќе доведе до укинување на осудата, може во некои случаи да биде соодветен лек откако е донесена правосилна пресуда.
24. На крај, нема право на надомест според оваа одредба ако може да се докаже дека неоткривањето на непознатиот факт кога бил момент за тоа, било целосно или делумно вина на засегнатото лице.
25. Во сите случаи во кои овие предуслови се исполнети, надоместот на штета се плаќа „согласно законот или праксата на конкретната држава“. Тоа не значи дека не се плаќа никаков надомест ако законот или праксата не овозможува таков надомест. Значи дека законот или праксата на државата треба да предвидат плаќање на надомест на штета во сите случаи во кои овој член е применлив. Намерата е дека државите ќе се обврзани да дадат надомест на лица само во јасни случаи на неоправдана осуда, во смисла на тоа дека ќе има потврда дека конкретното лице било сосем невино. Овој член не е предвиден да даде право на надомест кога сите предуслови не се исполнети, на пример, кога второстепен суд укинал осуда затоа што открил некој факт кој предизвикал основано сомневање за вината на обвинетиот и кој бил занемарен од судијата од првостепениот суд.“
ПРАВО
I. СТАТУС НА ЖРТВА НА ВТОРАТА ЖАЛИТЕЛКА
31. Судот најпрво смета дека е потребно да одлучи за стаусот на жртва на втората жалителка. Судот повторува дека зборот „жртва“ кој е употребен во член 34 од Конвенцијата означува лице кое е директно засегнато од актот или пропуштањето за кое станува збор (види, помеѓу други претходни пресуди, Vatan v. Russia, no. 47978/99, § 48, 7 October 2004).
32. Во овој случај, само првиот жалител бил подложен на злоупотреба и притвор и осуда која покасно била преиначена. Судот затоа смета дека жалбата, во делот во кој се однесува на втората жалителка, е нскомпатибилна ratione personae со одредбите на Конвенцијата во смисла на член 35 § 3 и мора да биде отфрлен согласно член 35 § 4 oд Конвенцијата.
33. Судот својата анализа ќе ја ограничи на жалбените наводи истакнати во жалбата само на наводите кои се однесуваат на првиот жалител, кој – заради поедноставување – подолу во текстот ќе биде именувам како „жалителот“.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 5 § 5 И ЧЛЕН 13 OД КОНВЕНЦИЈАТА И ЧЛЕН 3 OД ПРОТОКОЛ БР. 7 OД КОНВЕНЦИЈАТА
34. Жалителот се жалеше за одбивањето на неговото барање за надомест на нематеријална штета за неговото малтретирање, незаконито апсење и притвор, и неоправдана осуда. Тој се повика на член 3, член 5 и член 6 од Конвенцијата. Судот смета дека овој жалбен навод треба да се анализира согласно член 5 § 5 и член 13 oд Конвенцијата и член 3 од Протокол бр. 7, кои гласат:
член 5 став 5 oд Конвенцијата
“Секое лице кое било жртва на апсење или притворање спротивно на одредбите на овој член, ќе има извршно право на обештетување.“
член 13 oд Конвенцијата
„Секое лице, чии права и слободи признати со оваа Конвенција, се повредени, има право на ефикасен правен лек пред националните органи, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.“
член 3 од Протокол бр. 7 од Конвенцијата
“Кога некое лице, со правосилна одлука, е осудено за кривично дело и кога подоцна таа осуда ќе се поништи или тој бил помилуван по основ на нови или дололнително утврдени факти, кои убедливо покажуваат дека се работело за судска грешка, лицето кое ја издржувало казната како последица на таквата пресуда треба да добие обештетување во согласност со законот или практиката на државата за која станува збор, ако не се докаже дека самото тоа лице потполно или делумно оневозможило тие непознати факти да се откријат на време.“
A. Допуштеност
35. Судот воочува дека може да дојде до спорно прашање во однос на тоа дали има временска надлежност да ги испита околностите од жалбениот навод на жалителот, земајќи предвид дека неговите жалбени наводи според член 3, член 5 и член 6 од Конвенцијата во однос на неговото малтретирање, незаконито апсење и притвор, и неоправдана осуда се надвор од надлежност на Судот ratione temporis (види параграфи 55-57 подолу). Судот воочува, сепак, дека истрагата за малтретирањето на жалителот, осудата на полициските службеници и поврзаната постапка за надомест на штета се воделе после датумот на влегување на сила на Конвенцијата во однос на Ерменија. Судот затоа смета дека жалбените наводи на жалителите согласно член 5 § 5 и член 13 oд Конвенцијата и член 3 од Протокол бр. 7 од Конвенцијата влегуваат во неговата надлежност ratione temporis.
36. Судот воочува дека овие жалбени наводи не се очигледно неосновани во смисла на член 35 § 3 (a) oд Конвенцијата. Понатаму воочува дека тие не се недопуштени по било кој друг основ. Затоа тие мора да се прогласат за допуштени.
Б. Основаност
1. Аргументи на странките
(a) Владата
37. Владата тврдеше, во однос на член 5 § 5, дека тој член претпоставувал повреда на една или повеќе од другите одредби на член 5, што не било така во овој случај. Апсењето и притворот на жалителот во релевантниот период не го повредувале член 5, затоа што домашните судови постапиле во согласност со законот. Немало повреда на член 5 § 1 (a) затоа што жалителот бил осуден од надлежен суд и немало повреда на член 5 § 1 (в) затоа што целта на апсењето на жалителот била тој да биде изведен пред надлежен орган поради сомневање дека извршил силување и убиство. Во релевантниот период домашниот суд не располагал со било какви докази кои би оправдале донесување на поинаква одлука. Немало повреда на член 5 § 2 затоа што жалителот го потпишал записникот за неговото апсење на денот кога бил одведен во полициска станица, и очигледно бил запознат со причината за неговот апсење. Затоа, немало повреда ни на член 5 §§ 3 и 4.
38. Владата понатаму тврдеше дека укинувањето на осудата на жалителот до кое дошло покасно и запирањето на кривичната постапка против него не ги правеле неговото апсење и притвот неспојливи со член 5, затоа што тие биле спроведени во согласност со условите на тој член и засновани на основано сомневање.
39. Владата исто така тврдеше, во однос на член 13, дека на жалителот му било достапно соодветно обештетување. Особено, штом биле откриени нови факти, веднаш била поведена кривична постапка против полицајците, на жалителот му бил признат статус на жртва, полицајците биле осудени, кривичната постапка против жалителот запрена, а неговото барање за надомест на материјална штета усвоено. Понатаму, главниот обвинител испратил официјално извинување на жалителот за судската грешка. Сите тие мерки требало да се сметаат за доволен надомест на сета претрпена нематеријална штета. Понатаму, фактите на случајот се разликувале од тие во Keenan v. the United Kingdom (no. 27229/95, § 130, ECHR 2001‑III) и Kontrová v. Slovakia (no. 7510/04, § 64, 31 May 2007) затоа што во овој случај немало проблематично прашање согласно член 3.
40. Владата, на крај, тврдеше во однос на член 3 од Протокол бр. 7 дека му бил доделен соодветен надомест на штета на жалителот. Особено, нему му бил даден надомест на материјална штета и тој примил официјално извинување од главниот обвинител, што требало да се смета за доволен надомест за нематеријална штета. Понатаму, член 3 од Протокол бр. 7 наложувал плаќање на надомест во согласност со законот или праксата на засегната држава. Затоа, надоместот – во форма на извинување – кое тој го добил за наматеријална штета не било арбитерно затоа што таква пракса била вообичаена во слични ситуации.
(б) Жалителот
41. Жалителот тврдеше дека член 3, член 5 и член 6 биле применливи во неговиот случај и дека доделувањето на правичен надоместок било од огромно значење. Извинувањето кое тој го добил не можело да се сфати сериозно затоа што, покрај официјалното писмо, главниот обвинител му испратил примерок од книгата на Александар Дима „Грофот од Монте Кристо“. Во секој случај, страдањето, менталната болка и акутната физичка болка кои ги трпел пет години и шест месеци заслужувале да му бидат надоместени на поразумен начин од едноставно извинување. Понатаму, на 1 еептември секоја година од неговиот притвор ерменската државна телевизија емитувала програма изработена од ерменската полиција во која се изјавувало дека тој ја признал својата вина. Затоа, тој бил постојано деградиран во очите на јавноста и ништо не било направено од властите после неговото ослободување за враќање на неговиот углед. Во 2007 тој се оженил, но сѐ уште не може да има дете. Лекарите тоа го припишале на околностите на неговата осуда. Тој исто така страдал од адхезивен отит во неговото лево ушно тапанче и билатерална перцептивна глувост од прв до втор степен како последица на ударите по неговите уши. Тој сѐ уште користел лекови против болка и глувоста била трајна. Никаков надомест не бил доделен од домашните судови за тоа, и покрај фактот што било докажано дека тој бил злоупотребуван. На крај, аргументот на Владата дека неговот апсење било во согласност сичлен 5 и дека било засновано на основано сомневање бил неприфатлив, затоа што трагите од неговото малтретирање биле јасно видливи на неговата личност. Понатаму, тој упорно одбивал да ги признае обвинувањата против него пред судовите и се жалел до повисоките судски инстанци против неговата осуда.
2. Оцена на Судот
42. Судот смета дека е потребно најпрво да ги анализира жалбените наводи согласно член 13 од Конвенцијата и член 3 од Протокол бр. 7 а потоа наводот согласно член 5 § 5 oд Конвенцијата.
(a) Член 13 од Конвенцијата
43. Судот уште еднаш воочува дека не смее – заради немање на надлежност – да ги испита околностите на постапувањето со жалителот во полициската станица за да утврди дали тоа не ги исполнувало условите од член 3 од Конвенцијата (види параграфи 55-57 подолу). Сепак, повторува дека постоењето на фактичка повреда на друга одредба од Конвенцијата не е предуслов за примена на член 13. Член 13 ја гарантира достапноста на правен лек на домашно ниво за да се спроведе – оттука да се тврди непочитување на – суштината на правата и слободите од Конвенцијата во која и да форма се тие обезбедени во домашниот правен поредок. Затоа, да член 13 да биде применлив доволно е поединецот да има докажливо тврдење [arguable claim] во смисла на Конвенцијата (види Boyle and Rice v. the United Kingdom, 27 April 1988, § 52, Series A no. 131).
44. Судот забележува дека фактот на злоупотребата на жалителот од полициските службеници бил недвосмислено утврден од домашните судови, имено, со пресудата на Регионалниот суд во Лори од 15 јуни 2005 (види параграф 18 погоре). Судот затоа смета дека жалителот несомнено имал докажливо тврдење пред домашните судови според член 13 дека бил подложен на постапување кое е забрането со член 3 од Конвенцијата.
45. Жалителот поднесол граѓанска тужба за надомест на штета, вклучително и за претрпената злоупотреба, преку поведување на посебна постапка после осудата на полициските службеници барајќи, меѓу другото, нематеријална штета (види параграф 22 погоре). Сепак, не бил доделен надомест за нематеријална штета на жалителот затоа што тој вид на надомест не бил предвиден во домашниот закон.
46. Затоа се поставува прашање дали член 13 во овој контекст наложува дека таквиот надомест треба да биде овозможен. Судот во соодветни случаи самиот доделува правично задоволување, потврдувајќи дека болката, стресот, вознемиреноста и фрустрацијата го прават соодветно доделувањето на надомест на нематеријална штета. Судот има претходно одлучено дека, во случај на повреда на член 2 и член 3 од Конвенцијата, кои се најфундаменталните одредби на Конвенцијата, надомест за нематеријална штета настаната со повредата во принцип треба да биде достапен како дел од серија на можни лекови (види Keenan, цитиран погоре, параграф 130, и Kontrová, цитиран погоре, параграф 64).
47. Во овој случај Судот заклучува дека жалителот требало да може да побара надомест на нематеријалната штета која ја претрпел како последица на тоа што бил малтретиран. Затоа што ако надомест не му бил достапен согласно ерменскиот закон, на жалителот не му бил овозможен ефикасен правен лек.
48. Затоа имало повреда на член 13 од Конвенцијата.
(б) Член 3 од Протокол бр. 7 од Конвенцијата
49. Судот повторува дека целта на член 3 од Протокол бр. 7 е да им даде право на надомест на штета на лица осудени како последица на судска грешка кога таа осуда била поништена од домашните судови врз основа на нов или новооткриен факт. Затоа, член 3 од Протокол бр. 7 не се применува пред осудата да биде поништена (види Matveyev v. Russia, no. 26601/02, §§ 38-39, 3 July 2008).
50. Во овој случај, со оглед на тоа дека осудата на жалителот била укината а тој побарал надомест на штета после 1 јули 2002, датумот на влегување во сила на Протокол бр. 7 во однос на Ерменија, условите за надлежност ratione temporis се исполенти. (ibid.). Понатаму, Судот нема сомнежи дека овој член е применлив во случајот на жалителот, затоа што сите потребни услови се исполнети.
51. Што се однесува на почитување на гаранциите на член 3 од Протокол бр. 7, Судот смета дека, иако оваа одредба гарантира исплата на надомест на штета во согласност со законот или праксата на засегнатата држава, не значи дека таков надомест не може да се плати ако домашниот зкаон или пракса не овозможуваат таков надомест (види исто така параграф 25 од Објаснувачкиот извештај за Протокол бр. 7 од Конвенцијата, параграф 30 погоре во пресудата). Понатаму, Судот смета дека целта на член 3 од Протокол бр. 7 не е само да се надомести материјална штета настаната со неоправдана осуда туку исто така да му обезеди на лицето кое е осудено како последица на судска грешка надомест за било каква нематеријална штета како што е страдање, вознемиреност, нелагодност и загуба на уживањето во животот. И покрај тоа, таков надомест не му бил достапен на жалителот во овој случај.
52. Затоа имало повреда на член 3 од Протокол бр. 7 од Конвецијата.
(в) член 5 § 5 oд Конвенцијата
53. Судот воочува дека овој навод е поврзан со наводот разгледан погоре и затоа мора да биде исто така прогласен за допуштен.
54. Со оглед на неговиот заклучок според член 3 од Протокол бр. 7 (види параграф 52 погоре) Судот смета дека не е потребно да испита дали, во овој случај, имало повреда на член 5 § 5 oд Конвенцијата.
III. ДРУГИ НАВОДНИ ПОВРЕДИ НА КОНВЕНЦИЈАТА
55. Жалителот исто така се жалеше дека неговото малтретирање, незаконито апсење и притвор, и неоправдана осуда ги прекршиле гаранциите на член 3, член 5 и член 6 од Конвенцијата.
56. Судот повторува дека, во согласност со општите принципи на меѓународното право, одредбите на Конвенцијата не ја обврзуваат државата договорничка во однос на било кој акт или факт кој настанал или ситуација која престанала да постои пред влегувањето во сила на Конвенцијата во однос на таа договорна страна (види Blečić v. Croatia [GC], no. 59532/00, § 70, ECHR 2006‑III). Судот забележува дека обжалените настани се случиле пред датумот на влегување во сила на Конвенцијата во однос на Ерменија, а тоа е 26 април 2002.
57. Следува дека овој дел од жалбата е некомпатибилен ratione temporis со одредбите на Конвеццијата во смисла на член 35 § 3 и мора да бите отфрлен согласно член 35 § 4.
58. На крај, жалителот се жалеше, според истите членови, дека неговото барање за надомест на материјална штета не било усвоено во целост.
59. Со оглед на сите материјали со кои располага, и во делот во кој овој жалбен навод е во негова надлежност, Судот заклучува дека тој не покажува изгледи на повреда на правата и слободите наведени во Конвенцијата и нејзините протоколи. Следува дека овој дел од жалбата мора да биде отфрлен како очигледно неоснован согласно член 35 §§ 3 и 4 oд Конвенцијата.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
60. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување. “
A. Штета
61. Жалителот побара AMD 34,000,000 за материјална штета, вклучувајќи трошоци и изгубена заработувачка. Тој понатаму побара 274,959 евра (EUR) за нематеријална штета.
62. Владата изјави дека барањето на жалителот во однос на материјална штета било непоткрепено со докази и дека всушност нему веќе му било усвоено од домашните судови а дека неговото барање за нематеријална штета било неосновано.
63. Судот не гледа причинско-последична врска помеѓу најдените повреди и бараната материјална штета, затоа го отфрла тоа барање. Од друга страна, му доделува на жалителот EUR 30,000 за нематеријална штета.
Б. Трошоци на постапката
64. Жалителот исто така побара AMD 1,000,000 за трошоците и издатоците кои ги имал во постапката пред Судот, вклучувајќи трошоци за адвокат, преводи и поштенски трошоци.
65. Владата изјави дека барањето на жалителот за надомест на трошоци било во целост непоткрепено со докази.
66. Според судската пракса на Судот, еден жалител има право да му бидат надоместени трошоци само ако е докажано дека тие биле навистина и целесообразно направени и дека се со разумен износ. Во овој случај, со оглед на документите со кои располага и горните критериуми, Судот смета дека е разумно да додели износ од EUR 500 за постапката пред Судот.
В. Затезна камата
67. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се пресмета согласно најниската каматна стапка на Европската централна банка, на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ги прогласува жалбените наводи во врска со одбивањето на барањето на жалителот за надомест на нематеријална штета допуштени согласно член 5 § 5 и член 13 oд Конвенцијата член 3 од Протокол бр. 7 од Конвенцијата, а останатиот дел од жалбата за недопуптен;
2. Одлучува дека имало повреда на член 13 од Конвенцијата;
3. Одлучува дека имало повреда на член 3 од Протокол бр. 7 од Конвенцијата;
4. Одлучува дека нема потреба да го разгледа жалбениот навод согласно член 5 § 5 од Конвенцијата;
5. Одлучува
(a) дека тужената држава треба да му плати на жалителот, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане конечна согласно член 44 § 2 од Конвенцијата, следните износи, кои треба да се конвертираат во валутата на тужената држава по курс кој важи на денот на исплата:
(i) EUR 30,000 (триесет илјади евра), плус секој данок кој може да биде пресметан на тој износ, за нематеријална штета;
(ii) EUR 500 (петстотини евра), плус секој данок кој може да му биде пресметан на жалителот за тој износ, за трошоци;
(б) дека по истекот на гореспоменатиот рок од три месеци до исплата, ќе се исплати камата на гореспоменатите износи еднаква на најниската каматна стапка на Европската централна банка, за односниот период плус три процентни поени;
6. Го одбива останатиот дел од барањето на жалителот за правичен надоместок.
Изработена на англиски јазик, и доставена во писмена форма на 12 јуни 2012, согласно правило 77 §§ 2 и 3 oд Правилата на Судот.
Santiago QuesadaJosep Casadevall
СекретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy