Полетан и Азировиќ против Република Македонија, Ж. бр. 26711/07, 32786/10 и 34278/10, Пресуда од 12.05.2016 година Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 12.05.2016 година донесе пресуда во случајот Полетан и Азировиќ против РМ. Жалителите се жалеле на различни аспекти според членот 6 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), со кој се гарантира правото на правично судење. Факти на случајот Предметот се однесува на кривичната истрага против жалителите поради сомнение дека биле вмешани во неовластена трговија со половина тон кокаин. Имено, на 7 јануари 2007 година, цариниците на граничниот премин Блаце откриле 486 килограми кокаин, спакуван во правоаголни пакети скриени во канти со боја. Оваа пратка била порачана од првата жалителка која во тој период живеела во Белград. Пратката која од Венецуела пристигнала на пристаниште во Црна Гора, била транспортирана со камион управуван од страна на вториот жалител, а со цел да стигне до Грција. На истиот ден, Одделот за кримниналистичко-технички испитувања и веш- тачења при Министерството за внатрешни работи, започнало вештачење со цел да ја одреди количината и квалитетот на пронајдената субстанција, за која подоцна се утврдило дека е чист кокаин. На 8 јануари 2007 година, јавниот обвинител побарал истражниот судија од основниот суд Скопје I Скопје да поведе истрага против жалителите под основано сомнение дека сториле кривично дело - неовластено производ- ство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. На 11 јануари, истражниот судија донел решение со кое на жалителите им определил мерка притвор. Првата жалителка во судскиот процес изјавила дека наводите изнесени во обвинението не се точни, дека лицата со кои се поврзува за шверц на дрога не ги видела и не ги познава, а дека пратката била со цел да наплати долг кој грчки државјанин го имал кон неа. Вториот жалител негирал дека знаел за дрогата скриена во камионот. Во октомври 2007 година, Основниот суд Скопје I Скопје испратил замолница до надлежниот суд во Бар, Црна Гора, да ги сослуша сведоците Н.В. и Л.С. бидејќи тие не можеле да присуствуваат на судењето во Скопје. Скопскиот суд подготвил 14 прашања кои требало да им бидат поставени на овие сведоци. Истиот месец, судот во Подгорица ги сослушал сведоците. На 30 ноември истата година, судот донел пресуда во која жалителите ги прогласил за виновни за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и им изрекол казна затвор во траење од 14 години и шест месеци. По поднесената жалба од страна на жалителите заради суштинска повреда на одредбите од кривичната постапка, погрешно и непотполно утврдена фактичка состојба и повреда на Кривичниот законик, Апелациониот суд во Скопје ја потврдил првостепената пресуда. Жалителите до Врховниот суд поднеле барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, во кое ги повториле своите наводи за повреда на нивното право на одбрана, посебно во врска со вештачењето и сослушувањето на сведоци. Врховниот суд го одбил ова барање. Потпирајќи се на став 1, став 2 и став 3 точки б и г од членот 6 од Европската конвенција за човекови права, жалителите се жалеле пред ЕСЧП на различни аспекти врзани за правичноста на постапката. Имено, првата жалителка се жалела поради тоа што не ѝ била дадена можност да присуствува на сослушувањето на сведоците во Подгорица и не била информирана за тоа какви прашања им биле поставени. Исто така, таа навела дека во текот на постапката не ѝ биле дадени списите за предметот, со цел да изврши увид и да ја подготви својата одбрана. Вториот жалител тврдел дека домашните судови пропуштиле да дадат какво било образложение со кое би се покажало дека тој знаел за дрогата, а истовремено била нарушена и неговата презумпција на невиност. Двајцата жалители во својата жалба истакнале дека домашните судови не им овозможиле алтернативно вештачење, со што било повреден принципот на непристрасност. Имено, вештачењето на пронајдената стока било извршено од страна на Одделот за кримниналистичко-технички испитувања, како орган во состав на Министерството за внатрешни работи, кое и ја покренало кривичната постапка против нив. Образложение на ЕСЧП ЕСЧП во оваа своја пресуда го истакна принципот на супсидијарност и примарната улога на државата во оценката на веродостојноста на доказите и не најде причина да отстапи од заклучокот до кој дошле домашните судови во однос на тоа дека возачот на камионот бил свесен дека пренесува дрога. ЕСЧП не утврди повреда ниту во однос на правото на одбрана на првата жалителка со оглед на тоа дека нејзиниот адвокат имал можност да ги консултира списите на предметот, а самиот факт што нејзиниот адвокат извршил увид во списите неколку дена откако било покренато обвинение против неа не имплицирал дека нејзе ѝ било оневозможено правото ефективно да ги негира кривичните обвиненија против неа. ЕСЧП утврди дека, иако двајцата сведоци кои се наоѓале во Црна Гора не биле во можност да присуствуваат на рочиштето во Скопје, нивните усни искази дадени пред истражниот судија во Црна Гора биле прочитани на рочиштето, а жалителите и нивните застапници не се спротивставиле на одлуката да се изведат овие докази, и не побарале да им поставуваат прашања на сведоците, со што жалителите се откажале од нивното право да ги испрашуваат сведоците. Дополнително, нивните искази не претставувале ниту единствен, ниту одлучувачки доказ врз кој домашните судови ја засновале нивната одлука. Што се однесува до жалбениот навод дека вештите лица кои го извршиле вештачењето на дрогата биле пристрасни, ЕСЧП истакна дека жалителите не го оспориле наодот и мислењето кои произлегле од спроведеното вештачење, и дека правичноста на постапката не била доведена во прашање ниту од аспект на вештачењето. Во својата пресуда во овој конкретен случај, ЕСЧП утврди дека државата не го повредила членот 6 од Европската конвенција за човекови права, со кој се гарантира правото на правично судење односно дека во случајот биле исполнети процедуралните гаранции од член 6 став 1 и член 6 став 2 од ЕКЧП, со што на жалителите им било обезбедено правично судење во постапката за утврдување на нивната кривична одговорност, на начин кој е во согласност со стандардите на Конвенцијата и практиката на ЕСЧП.
Full & Egal Universal Law Academy