© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
TРЕТ ОДДЕЛ
CЛУЧАЈ PIRUZYAN против ЕРМЕНИЈА
(Жалба бр. 33376/07)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
26 јуни 2012
КОНЕЧНА
26/09/2012
Оваа пресуда стана конечна согласно член 44 § 2 oд Конвенцијата. Може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Piruzyan против Ерменија,
Европскиот суд за човекови права (Трет оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Josep Casadevall, Претседател,
Corneliu Bîrsan,
Alvina Gyulumyan,
Egbert Myjer,
Ján Šikuta,
Luis López Guerra,
Nona Tsotsoria, судии,
и Santiago Quesada, Секретар на оддел,
Откако расправаше на затворена седница на 5 јуни 2012,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на тој датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 33376/07) против Република Ерменија поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човекови права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на ерменски државјанин, г-н Kamo Piruzyan („жалителот“) на 25 јули 2007.
2. Жалителот беше застапуван пред Судот од г-ѓа L. Sahakyan и г-н Y. Varosyan, адвокати од Јереван и г-н A. Ghazaryan, правник. Ерменската Влада („Владата“) ја застапуваше нејзиниот агент, г-н G. Kostanyan, Застапник на Република Ерменија пред Европскиот суд за човекови права.
3. Жалителот, тврдеше, особено, дека тоа што бил ставен во метален кафез во текот на судската постапка претставувало понижувачко постапување; неговото лишување од слобода од 19 февруари до 12 март 2007 било незаконито; судовите не дале образложение за продолжувањето на неговиот притвор, тој не можел да биде ослободен со гаранција поради тежината на кривичното дело; расправата во врска со притвор од 12 декември 2006 не била контрадикторна и не била обезбедена еднаквост на средствата; не било соодветно одговорено на неговите аргументи во врска со непостоење на основано сомневање, и дека Апелациониот суд одбил да ја разгледа неговата жалба од 27 јануари 2007.
4. На 21 јануари 2010 жалбата беше комуницирана до Владата. Беше исто така одлучено во исто време да се донесе одлука за допуштеноста и основаноста на жалбата (член 29 § 1).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителот е роден во 1978 и живее во Јереван.
6. Жалителот тврдеше дека во 9 часот и 20 минути на 18 октомври 2006 тој бил одведен во локалната полициска станица во градот Алаверди во врска со оружен напад кој се случил порано во текот на тој ден. Тој исто така тврдеше дека неговото апсење не било внесено во записник и дека тој бил ослободен неколку часа подоцна.
7. На 19 октомври 2006 била поведена кривична постапка против жалителот согласно член 175 § 2 (2) и (4) oд Кривичниот законик (КЗ). Постапката била поведена по пријава на жртвата, Г.Х., која живеела во истата зграда со жалителот. Според Г.Х., во 8 часот и 45 минути на 18 октомври 2005 жалителот, кој носел маска, го нападнал на приземјето во нивната зграда, го удрил по главата со метална прачка и му ја одзел актовката, која била полна со скап накит.
8. Истиот ден во 20 часот жалителот бил уапсен под сомнение дека го извршил наведеното дело. Записникот за апсење бил потпишан од жалителот.
9. На 22 октомври 2006 жалителот бил формално обвинет за разбојништво согласно наведениот член. Во обвинението било прецизирано дека после ицнидентот жртвата го следела жалителот, кој бил принуден да ја остави актовката и да побегне. Жалителот го потпишал тој документ.
10. Истиот ден истражителот побарал од Регионалниот суд во Лори жалителот да биде лишен од слобода во период од два месеци затоа што бил претходно осудуван, со оглед на тежината на кривичното дело и дека, ако е на слобода, тој ќе побегнел.
11. Истиот ден Регионалниот суд го разгледал и усвоил барањето на истражителот, заклучувајќи дека материјалите на предметот давале доволно основи за да се верува дека жалителот може да побегне и да ја попречува истрагата, со оглед на карактерот и степеност на опасност на кривичното дело за кое станува збор.
12. На 8 декември 2006 истражителот побарал продолжување на притворот на жалителот за уште два месеца. Во предлогот било наведено дека биле направени повеќе анализи во текот на истрагата, вклучително и хемиска и биолошка анализа како и анализа на трагите кои останале од кривично дело. Сепак, морало да се направи дополнителна биолошка анализа и обвинението да биде изменето. Истражителот тврдел дека ако жалителот биде ослободен, ќе побегне затоа што сторил тешко кривично дело и можел да изврши нови кривични дела затоа што бил и претходно осудуван. Тој не ја признал својата вина и затоа ќе ја попречувал истрагата. Истражителот доставил, во поддршка на неговиот предлог, повеќе документи од предметот, како што е одлуката за отворање на кривична постапка, записникот за апсењето и одлуката да се покрене обвинение.
13. На 12 декември 2006 Регионалниот суд го разгледал предлогот на истражителот. Жалителот бил присутен на рочиштето и седел веднаш до неговиот адвокат.
14. Жалителот приговорил на предлогот на истражителот и побарал судот да го ослободи со гаранција. Тој изјавил на почетокот дека немало основано сомнение дека тој извршил кривично дело. Фактот што тој имал извршено кривични дела во минатото не го оправдувал притворот во овој случај. Регионалниот суд во тој поглед кажал дека тој не го разгледувал случајот мериторно, вклучително и прашањето за вината на жалителот, туку ја испитувал основаноста на предлогот за продолжување на притворот на жалителот. Постоела разлика помеѓу прашањето на вина и прашањето на постоење на основано сомнение.
15. Жалителот понатаму изјавил дека немало конкретни докази кои го оправдуваат неговото притворање. Во одговор на барање на жалителот да достави докази, истражителот признал дека немало такви докази. Тој изјавил дека биле наредени повеќе анализи и дека требало да се земе примерок од крв за да се утврди дали крвната група на жалителот одговарала на трагите од крв најдени на чевлите на жртвата. Претеседателот на советот од судии побарал истражителот да ги презентира сите материјали од случајот. Накусо после тоа, судијата се повлекол во просторијата за советување.
16. Регионалниот суд, откако го разгледал предлогот на истражителот и материјалите кои потврдувале дека бил основан, одлучил делумно да го усвои предлогот и да го продолжи притворот на жалителот од еден месец – до 19 јануари 2007 – од причина што на 8 декември 2006 истражителот наредил биолошка анализа којашто не била сѐ уште завршена. Повикувајќи се на член 143 § 1 oд Законот за кривична постапка (ЗКП), судот исто така одлучил да го одбие предлогот на жалителот за гаранција, од причина што тој бил обвинет за тешко кривично дело.
17. На 27 декември 2006 жалителот изјавил жалба. Тој тврдел, помеѓу останатото, дека немало основано сомнение дека тој извршил кривично дело. Документите кои ги доставил истражителот во поткрепа на неговиот предлог, како што е одлуката за отворање на кривична постапка, записникот за апсењето и одлуката да се покрене обвинение, не биле доволни за основано сомнение. Понатаму, Регионалниот суд одбил, генерално земено, да го анализра прашањето на постоење на основано сомнение. Жалителот понатаму го оспорил тврдењето дека тој може да изврши нови кривични дела, што било засновано само на фактот што тој бил претходно осудуван. Понатаму, немало конкретни докази дека тој ќе избега, а потребата да се направат дополнителни билошки анализи не можела да служи како основа за продолжување на притвор. На крај, жалителот тврдеше дека постапката пред Регионалниот суд не била контрадиктора и го повредувала принципот на еднаквост на средствата затоа што судијата кој претседавал, откако на рочиштето не испитал доказите од кои би се утврдило основано сомнение, ги добиле сите списи на предметот од истражителот пред да се повлече во просторијата за советување. Жалителот немал пристап ниту до тие материјали ниту можност да коментира за нив.
18. На 25 јануари 2007 Кривичниот и воен апелационен суд ја потврдил одлуката на Регионалниот суд. Тој навел дека истражниот орган доставил определени докази кои ја докажуваат вината на жалителот што ја потврдувала неговата инволвираност во настанот. Апелациониот суд одлучил дека било потребно да се продолжи притворот на жалителот, со оглед на опасноста и карактерот на наводното кривично дело и фактот дека тој може да побегне и да ја попречува истрагата. Го одбил предлогот за гаранција од истите причини. Сметал дека одлуката на Регионалниот суд да се продоложи притворот и да се одбие предлогот за гаранција била основана и образложена и дека немало причини одлуката да се промени.
19. На 9 јануари 2007 истражителот поднел предлог за продолжување на притворот на жалителот за уште еден месец од истите причини како и претходно.
20. На 12 јануари 2007 Регионалниот суд го разгледал предлогот на истражителот. Жалителот бил присутен на рочиштетот и седел до неговиот адвокат. Тој приговорил на предлогот на истражителот и побарал судот да го ослободи со полагање гаранција. Регионалниот суд го одобрил предлогот и го продолжил притворот на жалителот за еден месец – до 19 февруари 2007 – од причина што истражителот наредил повеќе анализи кои не биле сѐ уште завршени. Судот исто тка одлучил да го одбие предлогот за гаранција од истите причини како и претходно.
21. На 27 јануари 2007 жалителот изјавил жалба.
22. На 8 февруари 2007 обвинението против жалителот било изменето. Покрај првичното обвинение жалителот исто така бил обвинет за рецивидизам и обид за убиство.
23. На 16 февруари 2007 истрагата била завршена а на жалителот му бил одобрен пристап дп списите на предметот.
24. На 19 февруари 2007 завршил притворот на жалителот, одобрен со одлуката од 12 јануари 2007.
25. На истиот дек обвинителот го одобрил обвинителниот акт и предметот бил испратен до Регионалниот суд во Лори заради мериторно одлучување.
26. Истио ден Апелациниот суд одлучил да не ја разгледа жалбата жалителот од 27 јануари 2007 затоа што истрагата не била завршена и предметот бил вратен во Регионалниот суд.
27. На 5 март 2007 жалителот поднел барање до Регионалниот суд во кое тврдел дека неговиот притвор бил незаконит од 19 февруари 2007 и побарал да биде ослободен. Слично барање било поднесено до раководителот на установата за притвор во која бил држен жалителот.
28. Со допис од 6 март 2007 раководителот на установата за притвор го одбил барањето, повикувајќи се на член 138 од ЗКП, од причина што предметот бил вратен во Регионалниот суд.
29. На 12 март 2007 Регионалниот суд го одбил барањето од 5 март 2007 од истите причини.
30. На истиот ден Регионалниот суд одлучил да го испрати предметот на жалителот за судење. Во одлуката било наведено дека притворот на жалителот останувал непроменет.
...
37. На рочиштето од 8 август 2007 жалителот побарал Регионалниот суд да го укине решението за притвор или да го ослободи со давање гаранција. Тој изјавил дека тој бил во притвор речиси десет месеци. Немало причини кои го оправдуваат неговиот притвор затоа што биле сослушани сите сведоци и тој не можел да ја попречува постапката. Обвинителот приговорил на барањето, изјавувајќи дека жалителот не можел да биде ослободен со гаранција затоа што бил обвинет за тешко кривично дело. Регионалниот суд одлучил да го одбие барањето на жалителот затоа што одлучувањето по предметот не било завршено и немало доволно основи да му биде укинат притворот или да биде ослободен со гаранција.
38. На 6 септември 2007 Касациониот суд одлучил да ги врати жалбите на жалителот од 24 јули и 18 август 2007 како неосновани.
39. На неутврден датум обвинителот одлучил да се откаже од обвинението и побарал наредба од Регионалниот суд за запирање на кривичната постапка против жалителот од причина што собраните докази не биле доволни за поткрепа на обвинението против него.
40. На 5 декември 2007 Регионалниот суд во Лори одлучил да го одобри барањето и да ја запре постапката против жалителот согласно член 35 § 4 oд ЗКП.
41. Истиот ден жалителот бил ослободен од притвор.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
A. Кривичен законик (во сила од 1 август 2003)
42. Според член 19, кривичните дела, според нивниот карактер и степенот на општествена опасност, се делат на дела од мало значење, средно зналење, тешки кривични дела и особено тешки кривични дела. Дела извршени со умисла казниви со максимална казна затвор од пет години спаѓаат во категорија на средно тешки кривични дела, додека тие кои се казниви со максимална казна затвор од десет години се сметаат за тешки кривични дела.
43. Согласно член 175 § 2 (2) и (4), разбојништво, што значи, напад со цел да се украде туѓ имот со насилство или закана за загрозување на животот или здравјето, ако е извршено со цел да се украде голем имот и со употреба на оружје или други предмети употребени како оружје, е казниво со казна затвор од шест до десет години.
Б. Закон за кривична постапка (во сила од 12 јануари 1999)
1. Право на жалба
44. Според член 6 § 10, правосилна одлука е секоја одлука донесена од орган кој одлучува по случајот што исклучува поведување или продолжување на постапка или со која мериторно се одлучува за случајот.
45. Според член 65 § 2 (20), обвинетиот има право да поднесе жалба против дејствијата и одлуките на службеникот за истраги, истражителот, обвинителот и судот, вклучително и пресуда и секоја друга правосилна судска одлука.
46. Според член 384, кој бил во сила во релевантниот период, жалби можат да се поднесат само против правосилна одлука на првостепениот суд.
2. Притвор
47. Според член 134, превентивни мерки се мерки на присила изречени на уапсено или обвинето лице со цел да се спречи несоодветно однесување во текот на кривичната постапка и да се осигура извршувањето на пресудата. Во превентивни мерки спаѓаат, меѓу останатото, притвор и гаранција.
48. Член 135 предвидува дека судот може да изрече превентивна мерка само ако собраните материјали во кривичниот предмет даваат доволно основи за да се верува дека осомничениот или обвинетиот може да: (1) побегне од органот кој одлучува по случајот; (2) да го попречи разгледувањто на случајот во текот на преткривичната или судската постапка преку незаконито вршење влијание на лицата инволвирани во кривичната постапка, криење или фалсификување на материјали кои се важни за случајот, неоправдано нејавување на покана од орган кој одлучува по случајот, или на друг начин (3) изврши дејствие забарането со кривичен закон; (4) да избегне кривична одговорност и служење на изречената казна; или (5) го попречува извршувањето на пресудата. Притворот и гаранцијата можат да бидат изречени на обвинетиот само ако најстрогата казна која е пропишана за наводното кривично дело е казна затвор повисока од една година или ако има доволно основи за да се верува дека осомничениот или обвинетиот може да направи било која од постапките опишани погоре. Кога се одлучува за потребата да се изрече превентивна мерка или при избирањето на видот на превентивна мерка која треба да му се изрече на осомничениот или обвинетиот, мора да се земе предвид следното:: (1) карактерот и степеност на опасност на наводното кривично дело; (2) личноста на осомничениот или обвинетиот; (3) неговата или нејзината возраст и здравствена состојба; (4)полот; (5) неговото или нејзиното занимање; (6) неговиот или нејзиниот семеен статус и лица кои ги издржува, доколку има такви; (7) неговата или нејзината имотна состојба; (8) дали осомничениот има постојано живеалиште; и (9) други важни околности.
49. Член 136 § 2 предвидува дека притвор и гаранција можат да бидат одредени само со судска одлука по барање на истражител или обвинител или од судот по службена должност во текот на испитувањето на кривичниот предмет. Судот може да го замени притворот со гаранција, исто така и по предлог на одбраната.
50. Според член 138 § 3, во текот на преткривичната постапка должината на притворот не може да биде повеќе од два месеци, освен во случаи предвидени со Законот. Во текот на преткривичната постапка должината на притворот се прекинува на датумот во кој обвинителот го доставува случајот до суд или кога притворот е укинат како превентивна мерка.
51. Член 143 § 1 предвидува дека „гаранција“ значи полагање на пари, хартии од вредност или друг имот во судот од едно или повеќе лица за да се обезбеди ослободување на лице обвинето за кривично дело од мало значење или средно тешко кривично дело.
52. Согласно член 285 § 1, предлогот на обвинител или истражител да се изрече или да се продолжи мерка притвор мора да ги содржи причините и основите кои го наложуваат притворот на осомничениот. Докази во поткрепа на предлогот мора да се поднесат заедно со предлогот.
...
ПРАВО
...
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 5 § 3 OД КОНВЕНЦИЈАТА
83. Жалителот исто така се жалеше дека домашните судови не дале причини за неговиот долг притвор и дека неговото ослободување со гаранција била исклучено со закон заради тежината на кривичното дело. Тој се повика на член 5 § 3 oд Конвенцијата, кој гласи:
„3. Секое лице уапсено или притворено според одредбите на став 1в од овој член мора веднаш да биде изведено пред судија или друго судско лице, со закон овластено да врши судска власт, и да има право на судење во разумен рок или на пуштање на слобода во текот на судската постапка. Пуштањето може да се услови со давање гаранција дека тоа лице ќе се појави на судењето.“
...
Б. Основаност
1. Наводно не давање на причини за продолжувањето на притворот на жалителот
(a) Аргументи на странките
89. Владата тврдеше дека домашните органи дале релевантни и доволноо причини за продолжувањето на притворот на жалителот, како што е опасност од бегство, попречување на постапката и извршување на нови кривични дела со оглед дека бил претходно осудуван.
90. Жалителот тврдеше дека домашните судови не дали причини за продолжувањето на притворот и дека само се повикале на релевантните законски одреби без да ги оценат конкретните околности на неговиот случај.
(б) Оцена на Судот
(i) Општи принципи
91. Лице кое е обвинето за кривично дело мора секогаш да биде ослободено додека трае судењето освен ако државата може да покаже дека има “релевантни и доволно“ причини кои го оправдуваат продолжениот притвор (види Smirnova v. Russia, nos. 46133/99 and 48183/99, § 58, ECHR 2003‑IX (extracts); Becciev v. Moldova, no. 9190/03, § 53, 4 October 2005; и Khodorkovskiy v. Russia, no. 5829/04, § 182, 31 May 2011).
92. Домашните судови мора да ги испитаат сите факти кои се во полза на и против постоење на вистинско барање на јавниот интерес кое оправдува, со должно земање предвид, на принципот на презумпција на невиноста, отстапување од правилото на почитување на индивидуалната слобода и да ги наведат во нивните одлуки по барања за ослободување (види Letellier v. France, 26 June 1991, § 35, Series A no. 207). Аргументите за и против ослободување не смеат да бидат генерални и апстрактни (види Clooth v. Belgium, 12 December 1991, § 44, Series A no. 225).
93. Останувањето на разумното сомневање дека уапсеното лице има извршено кривично дело е услов sine qua non за законитоста на понатамошниот притвор, но после определен протек на време тоа повеќе не е доволно само по себе. Во такви случаи, Судот мора да утврди дали биле дадени други основи од судските органи за да се оправда лишувањето од слобода. Кога тие основи биле „релевантни“ и „доволно“ Судот мора да утврди исто така дали надлежните национални органи покажале „посебно вредно работење’ во водењето на постапката (види Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, § 153, ECHR 2000‑IV).
94. Во судската пракса на Конвенцијата се развиени четири основни прифатливи причини за притворање на едно лице пред донесување пресуда кога тоа лице е осомничено дека извршило кривично дело: ризик дека обвинетиот нема да се појави на судење (види Stögmüller v. Austria, 10 November 1969, § 15, Series A no. 9); ризикот дека обвинетиот, ако биде ослободен, ќе преземе дејствија за да ја попречува постапката (види Wemhoff v. Germany, 27 June 1968, § 14, Series A no. 7) или дека ќе изврши нови кривични дела (види Matznetter v. Austria, 10 November 1969, § 9, Series A no. 10) или дека че предизвика јавен неред (види Letellier, цитиран погоре, § 51).
95. Опасноста дека обвинетиот ќе побегне не може да се цени само врз основа на строгоста на казната која може да му биде изречена. Мора да биде оценета во однос на повеќе други релевантни фактори кои може или да ја потврдат опасноста од бегство или да покажат дека таа е толку незначајна што не може со неа да се оправда притвор додека трае судењето (види Yağcı and Sargın v. Turkey, 8 June 1995, § 52, Series A no. 319‑A). Ризикот од бегство мора да биде оценет во светло на фактори кои се однесуваат на карактерот на лицата, неговите морални вредности, дом, занимање, имот, семејни врски и секакви видови на врски со земјата во која треба да биде кривично гонет. Очекувањето дека ќе се изрече строга казна и тежината на доказите може да бидат релевантни но, не се како такви решителни и можноста да се добие гаранција може да мора да биде употребена за да се избегне таков ризик (види Neumeister v. Austria, 27 June 1968, § 10, Series A no. 8).
96. Опасноста дека обвинетиот ќе го попречува нормалното водење на постапката не може да биде употребена како причина in abstracto; таа мора да биде поткрепена со фактички докази (види Trzaska v. Poland, no. 25792/94, § 65, 11 July 2000).
(ii) Примена на горните принципи на случајот кој е предмет на разгедување
97. Во овој случај, Судот воочува дека домашните судови, кога изрекле мерка притвор и продолжување на притворот на жалителот, се повикале на ризикот тој да побегне и да ја попречува постапката со оглед на сериозниот карактер на обвинението, и во неколку наврати на фактот дека некои истражни дејствија требало да бидат спроведени и дека постапката била сѐ уште во тек.
98. Судот на почетокот забележува дека основите како потребата да се извршат дополнителни истражни мерки и фактот што постапката не била сѐ уште завршена не соодветствуваат на ниту една од прифатливите прилини за притворање на лице во текот на судење согласно член 5 § 3.
99. Што се однесува на ризикот од бегство или попречување на постапката, Судот воочува дека и Регионалниот суд и Апелациониот суд се ограничиле на повторување на овие основи во нивните одлуки на апстрактен и стереотипен начин, без да посочат причини зоштп тие ги сметале за основани наводите дека жалителот може да побегне или да го попречува водењето на постапката. Ниту пак тие се обиделе да ги соборат аргументите дадени од жалителот. Генерално повикување на сериозниот карактер на кривичното дело за кои жалителот бил обвинет, на кој судовите се повикале во повеќе прилији, не може да се смета за доволно оправдување на наводните ризици.
100. Со оглед на наведеното, Судот смета дека причините на кои се повикале Регионалниот суд во Лори и Кривичниот и воен апелационен суд во нивните одлуки во однос на притворот на жалителот и неговото продолжување не биле „релевантни и доволни“. Затоа, имало повреда на член 5 § 3 oд Конвенцијата по тој основ.
2. Непостоење на можност за ослободување со гаранција
(a) Аргументи на странките
101. Жалителот изјави дека одбивањето да биде ослободен со гаранција по основ предвиден во член 143 § 1 од ЗКП било спротивно на гаранциите на член 5 § 3.
102. Владата не даде коментар во овој поглед.
(б) Оцена на Судот
103. Судот повторува дека според член 5 § 3 државните органи, кога одлучуваат дали едно лице треба да биде пуштено на слобода или притворено, се обврзани да земат предвид алтернативни мерки за обезбедување на неговото присуство на судење. Всушност, тој член го предвидува не само правото на „судење во разумен рок или ослободување во текот на судењето“ туку исто така предвидува дека „пуштањето на слобода може да се услови со давање гаранција дека тоа лице ќе се појави на судењето“ (види Jablonski v. Poland, no. 33492/96, § 83, 21 December 2000).
104. Судот понатаму забележува дека претходно наоѓал повреда на член 5 § 3 во повеќе случаи во кои предлогот за гаранција бил одбиен автоматски по сила на закон (види Caballero v. the United Kingdom [GC], no. 32819/96, § 21, ECHR 2000‑II, и S.B.C. v. the United Kingdom, no. 39360/98, §§ 23-24, 19 June 2001).
105. Во овој случај барањата на жалителот да биде ослободен со гаранција биле одбиен на сличен начин, од причина што тој бил обвинет за кривично дело кое, според член 19 од КЗ претставувало тешко кривично дело и дека член 143 § 1 oд ЗКП забранувал пуштање на слобода со полагање гаранција во такви случаи. Судот смета дека такво автоматско осбивање на барањата на жалителот за гаранција, без никаква судска оцена на конкретните околности на неговиот притвор, било непојливо со гаранциите на член 5 § 3.
106. Затоа имало повреда на член 5 § 3 oд Конвенцијата по тој основ.
...
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
...
4. Одлучува дека имало повреда на член 5 § 3 од Конвенцијата поради пропуштањето да се дадат релевантни и доволни причини за продолжувањето на притворот на жалителот;
5. Одлучува дека имало повреда на член 5 § 3 од Конвенцијата поради автоматското отфрлање на барањата на жалителот да биде ослободен со полагање гаранција;
...
Изработена на англиски јазик, и доставена во писмена форма на 26 јуни 2012, согласно правило 77 §§ 2 и 3 oд Правилата на Судот.
Santiago QuesadaJosep Casadevall
СекретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy