© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската пракса на Судот бр. 126
јануари 2010
Rantsev против Кипар и Русија - 25965/04
Пресуда 7.1.2010 [Секција I]
Член 4
Член 4-1
Трговија со луѓе
Трговија со луѓе: Применлив член 4
Пропуст на Кипар да воспостави соодветна рамка за борба против трговија со луѓе или да преземе оперативни мерки за заштита на жртви: повреда
Пропуст на Русија да спроведе ефикасна истрага за регрутирање млада жена на нејзината територија од страна на лица ангажирани во трговија со луѓе: повреда
Член 1
Правна надлежност на државите
Степен на надлежност на Судот во случаи кои вклучуваат меѓународна трговија со луѓе
Член 2
Член 2-1
Ефикасна истрага
Неспроведување ефикасна истрага за убиство од страна на властите на Кипар, особено во однос на обезбедување релевантни докази во странство во согласност со меѓународната конвеција за меѓусебна помош: повреда
Факти – Ќерката на апликантот, г-а Rantseva, која била државјанка на Русија, починала под необјаснети околности откако паднала од прозорец на приватен имот на Кипар, во март 2001 година. Таа пристигнала на Кипар неколку дена пред тоа со виза на „кабаретска артистка“, но кратко време откако почнала да работи ги напуштила работата и местото каде што била сместена, оставајќи порака во која напишала дека сака да се врати во Русија. Откако неколку дена подоцна ја лоцирал во една дискотека, менаџерот на кабарето околу 4 часот наутро ја однел во централната полициска станица и побарал од полицијата да ја задржи како илегален имигрант. Полицијата стапила во контакт со имиграциските власти, кои ѝ дале инструкции дека г-а Rantseva не треба да биде задржана и дека нејзиниот работодавец, кој е одговорен за неа, треба да ја земе и да ја однесе во службата за имиграција во 7 часот наутро. Менаџерот ја зел г-а Rantseva околу 5:20 наутро и ја однел во приватни простории, каде останал и тој. Околу 6:30 изутрина нејзиното тело било најдено на улицата под станот. За оградата на балконот бил врзан креветски чаршаф.
Истрагата спроведена на Кипар утврдила дека г-а Rantseva починала во околности кои наликуваат на несреќен случај, додека се обидувала да избега од станот во кој била гостинка, и дека не постојат докази за нешто незаконско. Иако според извршената дополнителна обдукција која била спроведена откако телото било вратено во Русија, руските власти сметале дека заклучокот од истрагата не е задоволителен, кипарските власти навеле дека заклучокот е конечен и одбиле да спроведат дополнителна истрага, освен во случај руските власти да имаат доказ за криминална активност. Ниту руските, ниту кипарските власти не презеле никакви чекори за да испитаат две млади жени кои живееле во Русија, а кои според изјава на апликантот работеле со неговата ќерка во кабарето и можеле да посведочат за сексуалната експлоатација што таму се случувала.
Во април 2009 година, кипарските власти дале унилатерална изјава со која потврдиле дека е направена повреда на членовите 2, 3, 4, 5 и 6 oд Конвенцијата, нудејќи да му платат обештетување на апликантот, при што информирале дека се назначени независни експерти за да ги испитаат околностите на смртта, вработувањето и престојот на Кипар на г-а Rantseva.
Кипарскиот Омбудсман, Комесарот за човекови права на Советот на Европа и Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави објавија извештаи кои се однесуваат на распространетоста на трговијата со луѓе заради комерцијална сексуална експлоатација на Кипар и на улогата на кабаретската индустрија и на визите за „артистки“ во олеснувањето на трговијата на Кипар.
Право – Член 37 § 1: Судот го одби барањето на Владата на Кипар апликацијата да биде избришана. Тој утврди дека, наспроти унилатералната изјава со која се потврдуваат повредите на Конвенцијата, почитувањето на човековите права воопшто од неа бара да ја продолжи истрагата за предметот со оглед на сериозноста на наводите, акутната природа на проблемот на трговијата со луѓе и сексуалната експлоатација на Кипар, како и немањето судска пракса во однос на прашањето на толкувањето и примената на член 4 од Конвенцијата во однос на трговијата со луѓе.
Заклучок: предметот не се брише (едногласно).
Член 1: Jurisdiction ratione loci – Судот не го прифати поднесокот од Владата на Русија дека таа немала правна надлежност, а со тоа немала ниту одговорност за настаните на кои се однесува апликацијата. Со оглед дека наводната трговија започнала во Русија, Судот е надлежен да го испита степенот до кој Русија можела, во границите на сопствениот територијален суверенитет, да преземе чекори за да ја заштити ќерката на апликантот од трговијата и да ги испита наводите за трговија со луѓе и околностите кои довеле до нејзината смрт, особено преку разговори со сведоците кои се жители на Русија.
Заклучок: прелиминарниот приговор одбиен (едногласно).
Член 2: (а) Кипар – (i) Материјален аспект: Иако е неспорно дека жртвите на трговијата со луѓе и експлоатацијата често се принудени да живеат и работат во тешки услови и можат да бидат изложени на насилство и малтретирање од страна на нивните работодавци, општиот ризик од малтретирање и насилство не мора да претставува реална и директна закана по живот. Во овој случај, дури и ако полицијата требало да биде свесна дека г-а Rantseva можеби е жртва на трговија со луѓе, додека таа била во полициската станица не постоеле никакви индиции дека нејзиниот живот е реално и директно загрозен и полицијата не можела да го предвиди конкретниот синџир на настани кои довеле до нејзината смрт кога ја препуштила на грижата на менаџерот на кабарето. Според тоа, не настанала никаква обврска за преземање оперативни мерки за да се спречи опасност по живот.
Заклучок: нема повреда (едногласно).
(ii) Процедурален аспект: Истрагата на смртта од страна на кипарските власти била незадоволителна во повеќе аспекти: недоследностите во доказите се оставени нерешени; не се испрашани релевантни сведоци; малку е направено за да се истражат настаните во полициската станица и, особено можната корупција од страна на полицијата; апликантот не бил во можност ефикасно да учествува во постапката; и кипарските власти ја одбиле понудата на Русија за помош, која би им овозможила да добијат сведочење од страна на два важни сведока. Во однос на последното, Судот јасно стави до знаење дека од земјите-членки се бара да ги преземат неопходните и расположивите чекори за да обезбедат релевантни докази, без оглед дали се лоцирани на нивната територија или не, особено во случаи како што е овој, во кој двете држави се потписнички на конвенција која предвидува меѓусебна помош во криминални случаи.
Заклучок: повреда (едногласно).
(б) Русија – Процедурален аспект: Според член 2 не се бара кривичното право на земјите-членки да предвиди универзална правна надлежност во случаи кои се поврзуваат со смрт на нивен државјанин надвор од нивната територија. Според тоа, руските власти немале самостојна, универзална oбврска да ја истражуваат смртта на г-а Rantseva на Кипар. Во однос на обврската на Русија како држава во која се лоцирани доказите да даде правна помош на држава која ја врши истрагата (Кипар), не постоела обврска на руските власти да преземат активности на своја рака за да обезбедат докази за двата руски сведока во отсуство на барање од кипарските власти. На крај, во однос на жалбата на апликантот дека руските власти не побарале покренување кривична постапка, Судот забележа дека тие обемно и во повеќе наврати ги користеле можностите кои им се дадени со релевантните договори за правна помош за да извршат притисок врз кипарските власти да дејствуваат.
Заклучок: нема повреда (едногласно).
Член 4: (а) Применливост – Како одговор на поднесокот на Владата на Русија дека поднесокот во согласност со член 4 е недопустлив ratione materiae во отсуство на ропство или присилна работа, Судот забележува дека трговијата со луѓе како глобална појава значително се интензивирала во последниве години. Заклучокот од Протоколот за заштита, сузбивање и казнување на трговија со луѓе, особено жени и деца („Протокол од Палермо“) од 2000 година и Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе од 2005 година покажаа зголемена свест на меѓународно ниво за распространетоста на трговијата со луѓе и за потребата од спроведување мерки за борба против неа. Според тоа, соодветно е да се испита степенот до кој самата трговија со луѓе може да се смета за спротивна на духот и на целта на член 4. По својата природа и цел, трговијата со луѓе се заснова на користење на моќта која се поврзува со правото на сопственост. Таа ги третира луѓето како стока која се купува и се продава и се принудува на работа, често за мала или за никаква плата, обично во сексуалната индустрија, но и на други места. Таа подразбира близок надзор на активностите на жртвите, чии движења често се ограничени, и вклучува користење насилство и закани против луѓето кои живеат и работат во лоши услови. Нема сомнение дека трговијата со луѓе им го загрозува човечкото достоинство и основните слободи на нејзините жртви, и не смее да се смета за усогласена со демократското општество и со вредностите изложени во Конвенцијата. Со оглед на неговата обврска да ја толкува Конвенцијата со оглед на денешните услови, Судот смета дека не е потребно да се идентификува дали третманот на кој се жали апликантот претставува „ропство“ или „принудна работа“. Наместо тоа, самата трговија со луѓе, во смисла на член 3(а) од Протоколот од Палермо и член 4(а) од Конвенцијата против трговијата со луѓе спаѓаат во опсегот на член 4 на Европската конвенција.
Заклучок: прелиминарниот приговор одбиен (едногласно).
(б) Меритум – Позитивни обврски: Од одредбите од Протоколот од Палермо и од Конвенцијата против трговијата со луѓе е јасно дека државите потписнички зазедоа став дека борбата против трговијата со луѓе може да биде ефикасна само комбинација на мерки. Ова резултираше со позитивни обврски за преземање мерки за спречување трговија со луѓе, заштита на жртвите и на потенцијалните жртви и прогон и казнување на оние кои се одговорни за трговијата. Во однос на последната точка, карактеристика на трговијата со луѓе е тоа што во многу случи таа не е ограничена на домашната средина. Жртвите често се предмет на трговија што се врши од една во друга држава. Релевантни докази и сведоци можат да се лоцираат во повеќе од една држава. Поради тоа, освен обврската да спроведат домашна истрага на настаните кои се случуваат на нивната територија, земјите-членки подлежат и на обврската, во случаи на прекугранична трговија со луѓе, ефикасно да соработуваат со другите држави засегнати со истрагата, со цел да обезбедат сеопфатен меѓународен пристап кон трговијата со луѓе во државите од кои таа потекнува, во транзитните држави и во одредишните држави.
(i) Усогласеност од страна на Кипар: Кипар не ги почитувал своите позитивни обврски според член 4 по два основа: прво, не воспоставил соодветна правна и административна рамка за борба против трговијата со луѓе и второ, полицијата не презела соодветни оперативни мерки за да ја заштити г-а Rantseva од трговија со луѓе. (Прашањето дали кипарските власти ја исполниле својата процедурална обврска да ја истражат трговијата со луѓе се подведува под општите обврски според член 2 и не треба да се испитува одделно).
Во однос на првата точка, иако домашното законодавство за трговијата со луѓе само по себе не создава загриженост, Комесарот за човекови права на Советот на Европа и Омбудсманот на Кипар го критикуваа визниот режим за „артистки за работа во кабаре“, кој го сметаат за одговорен за поттикнување на голем број млади жени од странство да дојдат на Кипар, каде се во опасност да станат жртви на трговија со луѓе. Исто така, иако е легитимно за цели на имиграциската контрола да се бара работодавците да ги известат властите кога некоја од артистките ќе ја напушти работата, обврската да се обезбеди почитување на имиграционите обврски мора да остане на самите власти. Мерките со кои се охрабруваат сопствениците и менаџерите на кабареата да им влегуваат во трага или да преземаат лична одговорност за однесувањето на артистките се неприфатливи и практиката да се бара од сопствениците и менаџерите да поднесат банкарска гаранција за да ги покријат идните потенцијални трошоци поврзани со артистките кои тие ги вработиле е особено вознемирувачка. Овие фактори биле во игра во случајот на г-а Rantseva. Според тоа, визниот режим за артистките не успеа да ѝ обезбеди на г-а Rantseva практична и ефикасна заштита од трговијата со луѓе и експлоатацијата.
Во однос на втората точка, државата имала позитивна обврска да преземе мерки и да ја заштити г-а Rantseva, затоа што полицијата имала доволно достапни показатели кои давале повод за веродостојно сомневање дека таа е во реална и во директна опасност од трговија со луѓе и експлоатација. Направени биле повеќе пропусти од полицијата, која веднаш не презела дополнителни испитувања за да утврди дали таа е жртва на трговија со луѓе, ја доверила на грижата на менаџерот на кабарето наместо да ја ослободи и не ја почитувала својата законска обврска да ја заштити.
Заклучок: повреди (едногласно).
(ii) Усогласеност од страна на Русија: Судот утврди дека не постои повреда на член 4 во однос на позитивните обврски за донесување соодветна законодавна и административна рамка и за преземање заштитни мерки. Во однос на потребата за ефикасна истрага во Русија, руските власти биле во најдобра положба да спроведат ефикасна истрага за регрутирањето на г-а Rantseva, кое се случило на територијата на Русија. Меѓутоа, таква истрага не се случила, што е пропуст кој е уште посериозен поради подоцнежната смрт на г-а Rantseva и мистеријата која ги опкружува околностите на нејзиното заминување од Русија.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 5: Задржувањето на г-а Rantseva во полициската станица и нејзиното подоцнежно затворање во станот се сведува на нејзино лишување од слобода. Иако може да се заклучи дека таа првично била задржана за да се овозможи да се провери нејзиниот имиграциски статус, во домашното право не постои основа за одлуката на полицијата, откако утврдила дека нејзините документи се во ред, да продолжи да ја задржува или да ја довери на грижата на менаџерот на кабарето. Одговорноста на Кипар, исто така, се однесува и на задржувањето на г-а Rantseva во станот бидејќи, иако таа била задржана од страна на приватно лице, јасно е дека тоа не би било можно без активна соработка од полицијата. Нејзиното задржување во станот било арбитрарно и незаконско.
Заклучок: повреда од страна на Кипар (едногласно).
Член 41: Пресуда за плаќање 40.000 ЕУР од страна на Кипар и 2.000 ЕУР од страна на Русија во однос на нематеријална штета.
На овој линк може да се најдат Case-Law Information Notes
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy