© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015. превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund).. Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈ РОЛЕНА (ROHLENA) против РЕПУБЛИКА ЧЕШКА
(Жалба бр. 59552/08)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
27 јануари 2015 г.
Оваа пресуда е конечна. Може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Ролена (Rohlena) против Република Чешка,
Европскиот Суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Дин Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Гвидо Рајмонди (Guido Raimondi),
Инета Зиемеле (Ineta Ziemele),
Изабел Беро (Isabelle Berro),
Елизабет Штајнер (Elisabeth Steiner),
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Мирјана Лазарова Трајковска (Mirjana Lazarova Trajkovska)
Исил Каракаш (Isil Karakaş),
Кристина Пардалос (Kristina Pardalos),
Пауло Пинто де Албакерки (Paulo Pinto de Albuquerque),
Алеш Пејчал (Aleš Pejchal),
Валериу Гритко (Valeriu Griţco),
Фарис Вехабовиќ (Faris Vehabović),
Дмитриј Дедов (Dmitry Dedov) ,
Егидијус Курис (Egidijus Kūris),
Роберт Спано (Robert Spano), судии,
и од Мајкл О’Бојл, заменик секретар на судот,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на судскиот совет на 9 април и на 19 ноември 2014 г,
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалба (бр. 59552/08) против Република Чешка поднесена од страна на државјанин на таа држава, г-дин. Петр Ролена (Petr Rohlenа) („жалителот“), пред Судот на 4 декември 2008 г. согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“).
2. Жалителот беше застапуван од страна на г-дин Ј. Кружик (Ј. Kružík), адвокат во Брно. Чешката влада („владата") беше застапувана од нејзиниот агент, г-дин В.А. Шорм (V.A. Schorm), од Министерството за правда.
3. Повикувајќи се на членот 7 од Конвенцијата, жалителот се жалеше особено дека со тоа што го осудиле за продолжено кривично дело домашните судови го примениле кривичното право ретроактивно, на негова штета.
4. Жалбата беше доделена на петтиот оддел на Судот (член 52 § 1). На 14 ноември 2011 година, Претседателот на петтиот оддел одлучи да ја достави до владата. На 18 април 2013 година, судски совет од тој оддел, составен од Марк Вилигер, претседател, Ангелика Нусбергер, Гана Јудкивска, Андре Поточки, Пол Леменс, Елена Jадерблом, Алеш Пејчал, судии, и Клаудиа Вестердајк, секретарка на одделот, донесе пресуда. Тој заклучи, едногласно, дека жалбата е допуштена според членот 7 од Конвенцијата, и недопуштена за останатото, како и дека нема повреда на членот 7. Во прилог на пресудата беше приклучено согласното мислење на Судијата Леменс.
5. На 9 септември 2013 година, одобрувајќи го барањето на жалителот на 11 јули 2013 година, колегиумот на Големиот судски совет одлучи да го преупати предметот до истиот во согласност со членот 43 од Конвенцијата.
6. Составот на Големиот судски совет беше утврден во согласност со членовите 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и 24 од Деловникот.
7. На 16 јануари 2014 година, претседателот на Судот одлучи да го откаже закажаното рочиште за овој случај и да ја продолжи постапката по писмен пат.
8. Како жалителот, така и владата, доставија дополнителни писмени забелешки по однос на основаноста (член 59 § 1) и одговорија на конкретните прашања што им ги постави Големиот судски совет.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
9. Жалителот е роден во 1966 година и живее во Брно.
10. На 29 мај 2006 година, тој бил официјално обвинет од страна на општинскиот обвинител од Брно дека, барем во периодот помеѓу 2000-тата година и 8 февруари 2006 година, во повеќе наврати ја злоставувал физички и психички неговата сопруга додека бил под дејство на алкохол. Тој бил обвинет дека ја нападнал вербално, дека ја удрил по главата со рака и тупаница, дека и удрил шлаканица, дека ја фатил околу врат, дека се обидел да ја задави, дека ја удрил од мебелот и ја фрлил на подот, дека ја турнал надолу по скалите и дека и удрил клоци. Тој, исто така, бил обвинет дека ги тепал децата, дека ги потрошил семејните пари во слот машини и дека ги искршил садовите. Тој, така, предизвикал хематоми, контузии и фрактура на носот на неговата сопруга, поради што таа морала да оди кај лекар на 26 јуни 2000 година, на 18 јули 2003 година и на 8 Февруари 2006, по нападите што тој ги извршил на 24 јуни 2000 година, на 17 јули 2003 и на 8 февруари 2006 година. Тој наводно се обидел психолошки да ја уништи својата сопруга за да осигура контрола врз неа. Според обвинителот, жалителот оттука бил виновен за „трајно“ кривично дело (trvající trestný čin) на злоставување на личност која живеела под истиот покрив, во смисла на членот 215a §§ 1 и 2 б) од чешкиот Кривичен законик („Кривичниот законик“), со оглед на тоа што неговите дејствија починети пред усвојувањето на ваквото кривично дело на 1 јуни 2004 г. претставувале насилство против поединец или група на поединци, што е кривично дело според член 197a од Кривичниот законик, и удари и телесни повреди, што е кривично дело според член 221 од Кривичниот законик.
11. На 18 април 2007 година, Општинскиот суд од Брно („Општинскиот суд“) го прогласил жалителот за виновен за злоставување на лице кое живее под ист покрив, кривично дело што тој го починил барем во периодот помеѓу 2000-тата година и 8 февруари 2006 година на начин опишан во обвинението, кое, исто така, наведувало дека малтретирањето се повторувало. Тој го осудил на условна казна од две и пол години, заедно со пробен период од пет години и наредил негов надѕор и лечење од алкохолизам. Судот ја засновал својата пресуда врз изјавите на жалителот, жртвата (неговата сопруга) и на неколку сведоци, вклучувајќи ги и двете деца на двојката, кои меѓу другите инциденти пријавиле десет случаи каде жалителот вербално ја навредил својата сопруга, четири случаи во кои тој и ги фатил рацете пред да се обиде да ја задави и вербални и / или физички напади на кои тој ја подложувал секој месец, и зел во предвид пишани материјали и експертизи. Тој, исто така, ги земал предвид признанијата на жалителот, кој го признал постоењето на расправии и физички насилства во неговиот однос со неговата сопруга и признал особено дека понекогаш и удирал шлаканици и тупаници.
Задржувајќи ја квалификацијата на злоставување на лице кое живее под ист покрив, во смисла на членот 215a §§ 1 и 2 б) од Кривичниот законик во сила од 1 јуни 2004 година, судот сметал дека оваа квалификација се однесувала и на делата извршени од страна на засегнатото лице и пред тој датум, бидејќи во времето кога тие биле извршени тие претставувале барем дело на насилство против поединец или група на поединци, во согласност со член 197a од кривичниот законик. Конечно, тој сметал дека, со оглед на времетраењето на дејствијата во прашање, делото починето во овој случај било со релативно висок степен на опасност со што се оправдувала казна од две до осум години во затвор согласно ставот 2 на членот 215a од казнениот законик. Во поглед на одредени олеснувачки околности, вклучувајќи ги и признанијата на жалителот и тоа што тој претходно не бил осудуван, судот го осудил на условна казна затвор блиска на минималното времетраење,
12. Жалителот поднел жалба пред Регионалниот суд од Брно во која тој ги оспорил фактите што ги утврдил општинскиот суд како и оценката, според него еднострана, на доказите што тој ја направил. На 6 септември 2007 година, судот ја отфрлил неговата жалба. Тој не утврдил недостаток во претходната постапка и оценил дека дадената квалификација на дејствијата на жалителот била во согласност со одредбите од Кривичниот законик.
13. На 21 февруари 2008 година, Врховниот суд ја одбил како неоснована жалбата поднесена од страна на жалителот. Тој тврдел дека судијата од претходната постапка ја проширил примената на член 215a од казнениот законик на делата што тој ги сторил пред 1 јуни 2004, кога кривичното дело злоставување сеуште не постоело во националното законодавство. За оваа точка, повикувајќи се на одлуката бр Tzn 12/93 од 8 декември 1993 година, Врховниот суд се произнел дека кога имало, како што тоа било случај тука, „продолжено кривично дело“ (pokračování v trestném činu), со оглед на тоа што се сметало дека последново сочинува едно исто дело, кривичната квалификација морала да биде оценета во светло на законот кој бил во сила во времето на последното случување на кривичното дело. Тoj рекол дека овој закон се применувал и на делата извршени пред неговото влегување во сила, под услов тие да биле кривично казниви според претходниот закон. Во овој случај, тој сметал дека дејствијата што жалителот ги извршил пред измената и дополнувањето на Кривичниот законик на 1-ви јуни 2004 година, во најмала мера сочинувале казниво дело според член 197a или 221 § 1 од Кривичниот законик. Тој понатаму заклучил, во однос на предметот, дека дејствијата на обвинетиот како што е наведено во заклучоците од првостепената пресуда ги исполнувале сите законски елементи на кривичното дело злоставување на лице кое живее под ист покрив, во смисла на членот 215a §§ 1 и 2 б) од кривичниот законик. На прашањето за продолжувањето на кривичното дело, тој истакнал дека самото злоставување претставувало лошо постапување со одреден рок на траење. Тој оценил дека дека, за да се смета дека ова дело траело, тоа морало да биле вршено во текот на период од повеќе месеци. Со оглед на тоа што жалителот го вршел кривичното дело барем во текот на периодот од 2000-тата година до 8 февруари 2006 година, односно, во текот на период од неколку години, Судот одлучил дека дејствијата на истиот јасно го исполнувале материјалниот услов за продолжување на кривично дело на злоставување, во рамките на значењето на член 215a § 2 б) од кривичниот законик.
14. На 10 јуни 2008 година, Уставниот суд ја отфрлил како неоснована жалбата на жалителот, кој се жалел на неправичност на постапката и на ретроактивна примена на Кривичниот законик на негова штета. Осврнувајќи се на оспорената пресуда на Врховниот суд како и на релевантната судска пракса на истиот, тој одлучил дека пресудите што ги донеле судовите во овој случај биле логични и конзистентни и не овозможиле ретроактивна примена на законот која е забранета со Уставот.
15. Со оглед на тоа дека тој сторил друго кривично дело за време на условниот период и не се подложил на лечење од алкохолизам, жалителот бил принуден да ја изврши казната затвор изречена со пресудата од 18 април 2007 година. Тој почнал да ја отслужува на 3 јануари 2011 година. Според Владата, тој добил условен отпуст на 17 мај 2012 г.
II. РЕЛЕВАНТНОТО НАЦИОНАЛНО ПРАВО И СУДСКАTA ПРАКСА
А. Кривичниот законик (закон бр 140/1961, како што бил во сила до 31 декември 2009 година)
16. Според членот 16 § 1, кривичната природа на дадено дело се оценувала во поглед на законот во сила во времето кога тоа било сторено. Подоцнежен закон можел да се примени само доколку тој бил поповолен за сторителот на делото.
17. Членот 34k предвидувал дека суд кој изрекува казна мора да го смета како отежнувачка околност особено фактот дека виновникот имал извршено неколку кривични дела.
18 Членот 35 § 1 предвидувал дека кога судот сметал дека дадено лице е виновно за повеќе дела, требало да се наложи спојување на казните (úhrnný trest) и да се утврди една единствена казна врз основа на законската одредба наменета за казнување на најтешкото од овие дела. Во случај на постоење разлики во времетраењето на минималните казни, се задржувала најдолгата од нив заради утврдување на минималното времетраење на оваа единствена казна.
19 Членот 67 § 1 г) предвидувал дека кривичната одговорност за дело за кое се добивало затворска казна со максимум траење покусо од три години застарувала по истекувањето на период од три години. Ставовите 3 и 4 од истиот член појаснувале дека тој период се прекинувал и одново почнувал да тече а) во случај на осуда на сторителот на делото во прашање или на усвојувањето на која и да е мерка која следела (на пример, обвинителниот акт издаден од страна на обвинителството, судски налог, итн) со цел на покренување кривична постапка против него или б) во случај да засегнатото лице изврши, во текот на овој период, ново дело казниво со исто таква казна или со потешка.
20 Според членот 89 § 3, вметнат во Кривичниот законик со законот бр 290/1993, кој стапил во сила на 1 јануари 1994, продолжувањето на кривичното дело (pokračování v trestném činu) означувало извршување на повеќе разлиични дела (jednotlivé dílčí Utoky) заради иста цел пришто секое од нив ги обединувало елементите на исто кривично дело и сите биле меѓусебно поврзани затоа што биле извршени на идентичен или сличен начин, во кусо временско растојание и имале ист предмет за цел.
21. Членот 197a § 1 го казнувал со казна затвор од една година максимум или со парична казна секој кој ќе се заканел дека ќе убие друго лице или дека ќе му нанесе физичка повреда или други сериозни повреди, на начин кај него да предизвика разумна загриженост .
22. Ставот 1 од членот 215a, воведен на 1 јуни 2004 година, го казнувал со затворска казна од три години или повеќе секој кој злоставувал член на своето семејство или друго лице кое живеело под ист покрив. Став 2 предвидувал дека починителот на ова дело може да биде казнет со 2-8 години затвор), ако неговите постапки биле особено брутални или ако делото било извршено против повеќе лица или б) доколку неговите постапки се одвивале во текот на подолг временски период.
Релевантниот експликативен извештај појаснувал дека воведувањето на горната одредба имало за цел да го надомести недостатокот од посебно законодавство за оваа материја, со оглед на тоа што применливите кривични правила од општото право овозможувале казнување само на најтешките случаи на физичко домашно насилство (на пример, кривичните дела од членовите 221 и 197a, односно, во согласност со судската практика, оние дела што резултирале со неспособност за работа во текот од најмалку седум дена, што било реткост во случаите на семејно насилство). Тој навел освен тоа дека новата одредба не го наведувала како услов постоењето на физичко насилство или на последици врз здравјето на жртвата, и дека таа имала за цел да ги надмине потешкотиите што спецификите на семејното насилство ги претставувале за обвинителството.
Во извештајот е наведено дека поимот на „злоставување“ не бил нов, бидејќи веќе постоело дело злоставување на лице од страна на старател. Според толкувањето кое било дадено, ова последно дело се состоело од повторувано лошо постапување кое се карактеризирало со особено висок степен на суровост и рамнодушност, и што било сметано од страна на жртвата како сериозна штета. Не станувало нужно збор за систематско однесување или однесување кое се протегало во текот на подолг временски период.
23. Членот 221 § 1 предвидувал дека за кривичното дело намерно нанесување удари се добивало казна затвор во траење од највеќе две години. Ставот 2 предвидувал казна затвор во траење од една до пет години особено кога сторителот на делото и нанесувал тешка телесна повреда на жртвата, а ставот 3 казна затвор од три до осум години кога постапките на сторителот на делото резултирале со смрт.
Б. Доктрината и судката праксата на Врховниот суд
24. Според чешката доктрина, продолжувањето на кривично дело, односно „продолженото“ кривично дело (pokračování v trestném činu) сочинува едно единствено дело; ако еден од условите предвидени во членот 89 § 3 од Кривичниот законик не е исполнет, делото се нарекува повторено.
25. Според востановената пракса на Врховниот суд (одлуки бр 3 Tz 155/2000, 3 Tdo 1115/2003, 6 Tdo 1314/2003, 11 Tdo 272/2007, 6 Tdo 181/2012, 11 Tdo 258/2012 и 6 Tdo 1553/2012), се смета дека продолжено кривично дело завршува на денот на неговото последно случување. Владата, исто така, ги наведува одлуките објавени во Зборникот на судски одлуки и мислења бр. 103/1953, 44/1970, 7/1994, како и одлуката на Врховниот суд бр.5 TDO 593/2005. Од оваа судска пракса произлегува дека, кога применливото законодавство се менува во текот на период во чии рамки се протега продолжено кривично дело, истото се регулирa со новиот закон, под услов барем некои од засегнатите дела да биле извршени по влегувањето во сила на овој закон и, на денот на нивното извршување, делата кои претходеле на влегувањето во сила на овој закон сочинувале кривично дело (Одлука бр.Tz 12/93 на Врховниот суд ), макар и тоа да било казниво со помала казна.
26. Во својата пресуда бр 11 Tdo 272/2007 од 27 август 2007 година донесена во еден сличен случај од аспект на фактите, Врховниот суд ги поништил одлуките на пониските судови кои утврдиле дека обвинетиот бил виновен за две кривични дела (едно дело насилство врз поединец, во рамките на значењето на членот 197a § 1 од Кривичниот законик, извршено пред 1 Јуни 2004 година, а другото злоставување на лице кое живее под ист покрив, извршено по тој датум) и го осудиле на две години и шест месеци затвор за сите дела заедно. Тoj оценил дека ова толкување од страна на судовите кои ги разграничувале делата извршени пред и оние извршени по влегувањето во сила на членот 215a од Кривичниот законик било погрешно, со оглед на тоа што според него ситуацијата требало да се смета за продолжено кривично дело. Но, сепак, тој ја потврдил пресудата, наведувајќи особено:
„Прашањето е дали едно продолжено кривично дело може, без да се нарушат одредбите од член 16 § 1 од Кривичниот законик, да вклучи дела од кои некои биле извршени пред, а други после влегувањето во сила на применливите кривични правила (...) Во однос на продолжувањето на кривичното дело што, од материјална гледна точка, претставува еден единствен чин (skutek), се смета дека датумот на неговото извршување е оној на неговото последно случување (кое сочинува една целина со претходните негови случувања). Продолженото кривично дело оттука се оценува во однос на новиот закон, дури и ако тој е построг, онака како што бил во сила на денот кога делото завршило, дури и кога некои од неговите случувања (какoв и да е нивниот обем) би спаѓале во временското поле на примена на претходни законски одредби поповолни за сторителот.
Овој заклучок е во согласност со постоечката судска пракса, според која продолжено кривично дело се смета дека спаѓа во рамките на новиот закон (подоцнежен) под услов да барем некои од неговите случувања (односно, на различните дејствија ) да датираат од после денот на влегувањето во сила на овој закон. Ова дело оттука се смета дека спаѓа целосно во рамките на новиот закон, подоцнежен (...), под услов, спорните дејствија, исто така, да биле казниви според претходниот закон.“
27. Во однос на примената на членот 89 § 3 од Кривичниот законик во случај на делата кои спаѓаат во рамките на членовите 197a, 215a и 221 од истиот законик или слично, владата, исто така, се повикува на одлуките на Врховниот суд бр.3 Tdo 1431/2006 од 10 јануари 2007 година, 6 Tdo 548/2008 од 28 мај 2008 година и 7 Tdo 415/2013 од 21 мај 2013 година. Врховниот суд потврдил во тие одлуки дека поимот на врска на временска блискост не бил прецизно дефиниран и дека секој посебен случај оттука барал сеопфатен преглед на сите негови релевантни околности и на формалните критериуми утврдени во членот 89 § 3. Тој додал дека елементите кои сочинуваат кривично дело можеле да се обединат на различни начини и дека кривичното дело оттука не морало да биде извршено секогаш на ист начин, под услов делата да го повредиле истото правно добро.
III. РЕЛЕВАНТНИ ЕЛЕМЕНТИ ОД КОМПАРАТИВНОТО И МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО
А. Терминологија
28. Од анализата на правните системи на државите договорнички следи дека е потребно да се направи разлика помеѓу два случаи, од кои вториот е оној кој е релевантен во овој случај:
а) „трајно“ кривично дело (trvající trestný čin, continuing offence, Dauerdelikt, reato permanente), кое се дефинира со сторување (или несторување) кое има одредено времетраење, на пример тоа да се помагаат и засолнуваат припадници на нелегална организација, ситуација што му е позната на Судот како во случајот на Ecer et Zeyrek c. Turquie (бр. 29295/95 et 29363/95, ЕСЧП 2001II) ;
б) „продолжено" кривично дело (pokračující trestný čin, continuous offence, Fortgesetzte Handlung, reato continuato), кое претставува дејствие кое се состои од повеќе дела кои ги обединуваат сите елементи на истородно кривично дело (или на слично кривично дело) извршено во рамките на одредено времетраење, на пример, намерно, упорно и значајно прикривање на оданочливи приходи што било предмет на разгледување во случајот Veeber c. Estonie (бр. 2) (no 45771/99, ЕСЧП 2003I).
29. Исто така, во случај на повеќе кривични дела, државите договорнички предвидуваат различни видови на казни:
а) кумулативни или последователни казни (последователни/ кумулативни казни) кога се изрекува посебна казна за секое кривично дело и кога сите казни се собираат или пак се издржуваат една по друга;
б) споени казни или истовремени казни (úhrnný trest, concurrent sentence) Кога сторителот на делото е осуден на најстрога казна во согласност со законската одредба за казнување на најтешкото кривично дело или на повеќе казни кои треба да се служат истовремено;
в) глобална или севкупна казна (souhrnný trest, aggregate/consolidated/overall sentence), пресметана со методи кои се разликуваат во зависност од тоа дали казната е изречена за кривични дела извршени истовремено или последователно или таа вклучува и други казни изречени претходно; нејзиното времетраење варира главно помеѓу она на збирот на сите казни и она на најтешката казна.
Б. Компаративно право
30. Поимот продолжено кривично дело, како што се толкува во овој случај,бил воведен во европското право во средниот век заради омекнување на драконското правило од римското право quod criminae tot poenae, кое го утврдило материјалното кумулирање на сите казни. Истото се поимало на два различни начини, како од страна на сторителите, така и од страна на законодавците: според субјективна концепција или според објективна концепција. Според субјективната концепција, за која се наоѓало пример во Италија (член 81 од италијанскиот Кривичен законик од 1930 г.), продолжено кривично дело било група на факти обединети со една и иста намера, една и иста кривична шема. Според објективната концепција, главно развиена во Германија (видете го, на пример, членот 110 од баварскиот кривичен законик од 1813 г.), продолженото кривично дело се засновало на повторената намера на сторителот да нападне ист предмет или исто правно добро (Rechtsgut) или пак сличен предмет или слично правно добро. Покрај тоа, фактот што повторувањето на кривичните дела и на криминалната намера било олеснето од страна на материјалните околности - меѓу другите, сторителот на делото, врската на временска блискост и природата на засегнатото правно добро - се сметало како оправдување за изрекување на поблага казна. Оваа објективна концепција наишла на приврзаници на сите четири страни на Европа, и некои европски земји ја усвоиле во своето законодавство. Сепак, за да не се биде премногу попустлив кон рецидивистите, некои законодавци ја ограничиле примената на овој концепт на прецизни категории на кривични дела.
31. Истражувањето спроведено од страна на Судот за сите 47 земји-членки на Советот на Европа го потврдува постоењето на европска традиција која го утврдува поимот на продолжено кривично дело во својата објективна концепција. Големо мнозинство од нив, всушност, фактички го вовеле овој поим во своите правни системи, било преку изрични законски одредби, било преку доктрината и / или судската пракса.
32. Врз основа на оваа компаративна студија, државите договорнички се поделени во три различни групи:
а) триесет земји-члени кои во своето законодавство го имaат поимот нза продолжено кривично дело: Андора (член 59 од Кривичниот законик), Ерменија (член 21 § 2 од Кривичниот законик), Белгија (член 65 § 1 од Кривичниот законик ), Босна и Херцеговина (член 54 § 2 од Кривичниот законик), Бугарија (член 26 од Кривичниот законик), Хрватска (член 52 од Кривичниот законик), Шпанија (член 74 од Кривичниот законик), поранешна Југословенска Република Македонија (член 45 од Кривичниот законик), Грузија (член 14 од Кривичниот законик), Грција (член 98 § 1 од Кривичниот законик), Унгарија (член 6 § 2 од Кривичниот законик), Италија (член 81 § 2 од Кривичниот законик, кој предвидува континуирано кривично дело stricto sensu), Латвија (член 23 од Кривичниот законик), Малта (член 18 од Кривичниот законик), Молдавија (член 29 од Кривичниот законик), Црна Гора (член 49 од Кривичниот законик), Норвешка (член 219 од Кривичниот законик, однесувајќи се само на семејните насилства), Холандија (член 56 од Кривичниот законик), Полска (член 12 од Кривичниот законик), Португалија (член 30 § 2 од Кривичниот законик), Чешка (член 89 § 3 од Кривичниот законик), Романија (член 35 од новиот Кривичен законик), Обединетото Кралство (член 14.2 (2) од Правилата за кривична постапка од 2013 година), Сан-Марино (член 50 од Кривичниот законик), Србија (член 61 од Кривичниот законик), Словачка (член 122 § 10 од Кривичниот законик), Словенија (член 54 § 1 од Кривичниот законик), Шведска (член 4а од поглавие 4 од Кривичниот законик), Турција (член 43 од Кривичниот законик) и Украина (член 32 од Кривичниот законик);
б) четиринаесет земји-членки на кои поимот на продолжено кривично дело им е познат во правната теорија и во праксата: Албанија, Германија, Австрија, Азербејџан, Данска, Естонија, Франција, Исланд, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Монако, Русија и Швајцарија; и
в) три земји-членки во кои не е наведено, ниту во законодавството, ниту во правната теорија, постоењето на поимот продолжено кривично дело, како што се толкува во овој случај: Кипар, Финска и Ирска.
33. Елементите од споредбено право со кои располага Судот во врска со постоењето на поим на продолжено кривично дело (видете ставови 31-32 погоре) укажуваат на силно единство помеѓу националните правни системи на земјите-членки на Советот на Европа во оваа област. Се чини дека постои широк консензус произлезен од долгата европска традиција (видете став 30 погоре), во врска со следниве карактеристики на продолженото кривичното дело, единството во правото на спорните дејствија е утврдено како со објективни елементи (actus reus) така и со субјективни елементи (mens rea):
а) сторителот треба да изврши одреден број на идентични, слични или различни кривични дела против истото правно добро (legally protected interest, Rechtsgut, bene giuridico) и често тој и жртвата треба секој пат да бидат истите;
б) мора да има во најмала рака сличност на начинот на постапување во случајот на различните засегнати дејствија (modus operandi) или други материјал околности треба да ги обединуваат истите во една целина (actus reus);
в) треба да постои временска врска помеѓу секое од дејствијата, и таа треба да се оцени во однос на околностите на секој поединечен случај;
г) секое од дејствијата треба да биде водено од истата намера или истата криминална шема секој пат одново (mens rea), дури иако не треба сите да бидат планирани ab initio ;
д) секое од дејствијата треба да ги обединува, експлицитно или имплицитно, елементите кои го сочинуваат кривичното дело или ги сочинуваат кривичните дела.
34. Исто така, постои приближување на ставовите во однос на принципот дека законот во сила на денот на престанокот на продолжената криминална активност се однесува на настаните пред овој закон, под услов тие да ги исполнуваат условите од новиот закон, и, во повеќето земји, исто и оние од претходниот закон. Во поголемиот дел од земјите-членки, тоа е исто случај кога новиот закон е построг, пришто се смета дека, со тоа што сторителот ги повторил своите дејствија по промената на законот, тој премолчено се согласил да му биде изречена потешка казна.
35. Понатаму, во сите земји-членки, сторителот на продолжено кривично дело е осуден на единствена казна. Кога дејствијата кои сочинуваат продолжено кривично дело се регулирани со неколку одредби, се применува онаа одредба која предвидува најголема казна.
36. Конечно, казната која се изрекува за продолжено кривично дело е секогаш поблага од кумулативните, последователните или истовремените казни изречени за повеќекратните кривични дела.
37. Со оглед на погоре наведеното, Судот констатира дека поимот на продолжено кривично дело е најчесто користено законодавно и судско решение кое не само што овозможува да се казнат некои конкретни дејствија, туку и прецизно има за цел да примени поблаги правила за утврдување на казната (видете ја, за споредба, пресудата Maktouf et Damjanović c. Bosnie-Herzégovine [ГС], бр. 2312/08 и 34179/08, § 70, ЕСЧП 2013 (извадоци)). Така, може да се рече дека овој поим има две предности за сторителот:
а) нему му се изрекува единствена казна, а не кумулативни, последователни или истовремени казни за повеќекратни кривични дела,
б) во случај на донесување на нов закон, потребно е составните елементи на кривичното дело, онака како што тоа е дефинирано од страна на новиот закон, да се исполнети веднаш од почетокот на дејствијата, односно, исто и во однос на дејствијата пред влегувањето во сила на овој закон.
В. Меѓународно право
1. Конвенцијата на Советот на Европа за превенцијата и борбата против насилството врз жените и семејното насилство, усвоена од страна на Комитетот на министри на 7 април 2011 година, и стапи во сила на 1 август, 2014 г.
38. Оваа конвенција, што Чешка ја нема ратификувано, бара од државите кои се нејзини потписнички да вложат максимални напори за борба против насилството врз жените во сите форми и да преземат чекори за ова насилство да спречи, да ги заштитат жртвите и да ги гонат сторителите. Особено, таа го наведува следното:
Член 46 - Отежнувачки околности
„Страните преземаат законодавни или други мерки кои се потребни за следните околности, под услов тие да не бележат веќе елементи кои го сочинуваат кривичното дело, да можат, согласно со релевантните одредби од нивното национално право, да бидат земени во предвид како отежнувачки околности при утврдувањето на казните за кривичните дела востановени согласно на оваа Конвенција:
(...)
б кривичното дело, или сродните кривични дела, биле вршени во повеќе наврати;
(...)“
39.Ставот 237 од експликативниот извештај на овој договор гласи: „(...) отежнувачката околност утврдена во точка б [од членот 46] се применува на кривичните дела вршени во повеќе наврати. Таа ги опфаќа сите кривични дела утврдени со оваа конвенција, како и сите поврзани кривични дела извршени од страна на истото лице повеќе од еднаш во текот на одреден временски период. Изготвувачите на конвенцијата одлучиле така да го нагласат посебно штетниот ефект за жртвата која е подложена на ист вид на криминални дејствија кои се повторуваат. Со оглед на тоа што оваа околност е честа појава во ситуациите на семејно насилство, изготвувачите на конвенцијата сметаат дека е соодветно да се бара можноста за судовите да можат да изрекуваат потешки казни. Треба да се напомене дека дејствијата од кривично дело со слична природа кои довеле до осуда на истиот сторител не можат да се сметаат како повторено дело во смисла на став б, но претставуваат специфична отежнувачка околност под став з.“
2. Судската пракса на Судот на Европската Унија
40. Во пресудата донесена во случајот Trelleborg Industrie SAS et Trelleborg AB c. Европската комисија (споени случаи T-147/09 и T148 / 09), Судот на Европската унија се задржал на разликата меѓу „трајни“ кривични дела и „повторени“ кривични дела.
ПРАВО
НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 7 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
41. Жалителот тврди дека бил жртва на ретроактивна примена на Кривичниот законик, објаснувајќи дека тој бил осуден за продолжено кривично дело на злоставување на лице коe живее под ист покрив, кое според судовите ги вклучувало и неговите дејствија од пред воведувањето на ова кривично дело во законот. Тоj, исто така, верува дека судовите не испитале соодветно дали неговите претходни дејствија сочинувале кривично дело според стариот закон. Тој се повикува во овој поглед на членот 7 од Конвенцијата, кој предвидува:
„1. Никој нема да се смета за виновен за сторување или несторување кое, во мигот на извршувањето, не претставувало кривично дело ни според домашните, ни според меѓународните прописи. Ниту пак, ќе се изрече потешка казна од онаа која била пропишана во времето кога кривичното дело било извршено.
2. Овој член нема да се применува во однос на постапката и казната изречена на било кое лице, за кое и да е сторување или несторување кое, во мигот на извршувањето,, претставувало кривично дело според општите правни принципи признати од страна на цивилизираните народи.
42. Владата го отфрли овој аргумент.
А. Пресудата на судскиот совет
43. Во својата пресуда од 18 април 2013 година, судскиот совет не нашол повреда на членот 7 од Конвенцијата. Тој оценил дека, од гледна точка на чешкиот закон, проширувањето на примената на Кривичниот законик, во верзијата од после 1 јануари 2004 година, врз дејствија извршени од страна на жалителот пред тој датум не претставувало ретроактивна примена на кривичниот закон. Тој исто така истакнал дека толкувањето на генералниот поим на продолжено кривично дело, дефиниран со членот 89 § 3 од Кривичниот законик, се засновал на јасна и конзистентна судска пракса на Врховниот суд која била развиена пред датумот на кој засегнатиот за првпат ја нападнал својата сопруга. Во однос на жалбениот навод поднесен од страна на жалителот за толкувањето од страна на судовите во овој случај, кое толкување имало како конкретна последица, според него, да овозможи ретроактивна примена на законот, судскиот совет оценил дека ова толкување не било само по себе неразумно, бидејќи, по дефиниција, продолженото кривично се протегало во текот на одредено времетрањње и дека не било произволно да се смета дека тоа престанувало на денот на неговото последно случување. Тој, исто така, истакнал дека, како што тоа го забележале чешките власти, дејствијата на жалителот во секој момент биле кривично казниви. Во вакви услови, тој оценил дека релевантните законски одредби, во комбинација со интерпретативната судска пракса, биле доволни за да му овозможат на жалителот да ги предвиди последиците од своите постапки и да го регулира своето однесување соодветно.
Б. Поднесоците на страните пред Големиот судски совет
1. Жалителот
44. Истовремено согласувајќи се дека толкувањето на членот 89 § 3 од Кривичниот законик од страна на домашните судови било предвидливо и општо прифатено, жалителот смета дека оваа одредба не требало да се применува во неговиот случај, бидејќи, според него, условите за нејзина примена не биле исполнети. Тој тврди дека домашните органи не требало да ги оквалификуваат неговите дела како продолжени кривични дела штом насилствата што тој ги извршил не биле сторени со истата намера и не биле блиски во времето, бидејќи тие се случиле на временско растојание од неколку години. Покрај тоа, за време на судењето пред првостепен суд, две од овие дела веќе биле застарени и затоа не биле подложни на кривично гонење.
45. Понатаму жалителот тврди дека домашните судови никогаш не утврдиле дека сите составни елементи на кривичните дела дефинирани со Кривичниот законик кој бил во сила до 1 јуни 2004 година (насилство против поединец или група поединци, во рамките на значењето на членот 197a, или нанесување на удари и повреди, во рамките на значењето на членот 221). Тој смета дека неговите постапки биле казниви, не како кривични дела, туку како едноставни прекршоци. Оттука, тој бил прогласен за виновен, со повреда на член 7 од Конвенцијата, за дела кои не претставувале кривично дело според националното или меѓународното право во сила во времето на нивното случување.
46. На крај, жалителот тврди дека тој не уживал доволно заштитни мерки против изрекувањето на казна поголема од онаа што се применувала во моментот на извршувањето на кривичното дело. Тој напротив смета дека ќе било невозможно да му се изрече толку голема казна доколку на секое од насилните дејствија им се судело одделно.
2. Владата
47. Владата укажува дека членот 89 § 3 и членот 215a од казнениот законик биле воведени во чешкиот правен поредок многу пред жалителот да престане со своите дејствија во февруари 2006 година. Таа додава дека во времето на настаните имало и многу богата судска пракса во однос на продолжените кривични дела и на толкувањето на членот 89 § 3 од Кривичниот законик што соодвествувало според него на логика идентична со онаа од сегашниот случај. Оттука било утврдено дека постапките во прашање требало да се сметаат како едно исто кривично дело регулирано со законот кој бил во сила на денот на нивното престанување. Покрај тоа, воведувањето на 1 јуни 2004 година, на членот 215a од Кривичниот законик ќе ја направело уште појасна и попредвидлива можноста за вклучување на кривичната одговорност на жалителот. Всушност, новиот член 215a од Казнениот законик ќе го дефинирал засегнатото казниво однесување во повеќе детали од членовите 221 и 197a од истиот законик. Со оглед на тоа што сторителот продолжил да ги врши своите казниви дела по 1 јуни 2004 година, Владата смета дека тој можел и требал да очекува дека ќе биде вклучена неговата кривична одговорност врз основа на членот 215a од Кривичниот законик, за сите негови постапки, вклучувајќи ги и оние пред промената на законот.
48. Владата додава дека, спротивно на она што го тврди жалителот, условот на постоењето на врска на временската блискост помеѓу насилните дејствија кои го сочинуваат продолженото кривично дело бил соодветно исполнет во овој случај. Таа признава дека временската блискост онака како што е дефинирана во домашната судска пракса генерално се цени во денови, недели или месеци. Никаква максимална граница, меѓутоа, не била поставена, и поимот оттука неизбежно овозможил одредена флексибилност во зависност од природата на кривичното дело. Јасно произлегувало од елементите од предметот и од образложението на домашните судови дека трите инциденти од 24 јуни, 2000 г., од 17 јули 2003 г., и од 8 февруари 2006 г. биле назначени како најнасилни. Судовите постојано велеле дека постапките на жалителот се протегале во текот на период од неколку години, дека тие биле со различна тежина и дека се повторувале, и дека се случувале на неколку недели растојание едни од други. Од друга страна, обвинителниот акт и домашните судски одлуки јасно укажале дека жалителот бил суден за неговите постапки кои датирале од пред и од после влегувањето во сила на членот 215a, кои не можеле да се одвојат едни со други. Имајќи ја предвид оваа конзистентност во проценката на настаните од страна на обвинителството и судиите, барањето за правна сигурност со тоа јасно било исполнето (владата ја наведува а contrario пресудата Ecer et Zeyrek c. Turquie, бр. 29295/95 и 29363/95, §§ 33-35, ЕСЧП 2001II). Од самата обвинителна пресуда јасно произлегувало дека судовите исто така сметале дека постапките на жалителот, земени како целина, ги обединувале елементите на кривичното дело дефинирано во член 215a од казнениот законик.
49. Владата оттука заклучува дека барањето за доволно јасна и предвидлива законска основа било задоволено, дека новиот кривичен закон не бил применет ретроактивно и дека на жалителот не му била изречена потешка казна од под стариот закон. Во оваа смисла, таа верува дека ако требало да се откаже од идејата за продолжено кривично дело во толкувањето што за тоа го дале чешките судовите и да се испитаат одделно постапките на жалителот од пред 1 јуни 2004 година и оние по тој датум, казната за тоа ќе била или иста со онаа која навистина била изречена или, пак, потешка. Владата објаснува дека, под оваа претпоставка, жалителот ќе бил суден за повеќе дела за кои се изрекувало, во рамките на спојувањето на казните, една единствена казна која се утврдувала во согласност со правилото кое важело за најсериозното дело, во случајов членот 215a од казнениот законик. Покрај тоа, според неа, постоењето на повеќе кривични дела и времетраењето на дејствијата во прашање претставувале отежнувачки околности.
В. Оценка на Судот
1. Општи принципи
50. Судот потсетува дека, во својата пресуда Del Rio Prada c. Espagne [ГС] (бр. 42750/09, ЕСЧП 2013), којашто е најскорешната пресуда на Големиот судски совет во однос на членот 7 од Конвенцијата, тој ги изрекол следниве општи принципи, кои се релевантни во случајов:
„ a) Nullum crimen, nulla poena sine lege
77. Гаранцијатa што ја утврдува членот 7, суштински елемент на владеењето на правото, зазема видно место во системот на заштита на Конвенцијата, како што тоа е потврдено од страна на фактот дека членот 15 не дозволува никаков исклучок дури ни во време на војна или на друга вонредна состојба која го загрозува опстанокот на нацијата. Како што следува од нејзиниот предмет и цел, таа мора да се толкува и применува на начин да се обезбеди ефикасна заштита против кривичните гонења, обвиненијата и произволните санкции (S.W. c. Royaume-Uni и C.R. c. Royaume-Uni, 22 ноември 1995 г., посебно § 34, серија A бр. 335-B, и § 32, серија A бр. 335-C, и Kafkaris, претходно наведена, § 137).
78. Членот 7 од Конвенцијата не се ограничува на забраната за ретроактивна примена на кривичното право на штета на обвинетиот (видете, во врска со ретроактивната примена на казна, Welch c. Royaume-Uni, 9 февруари 1995, § 36, серија A бр. 307A, Jamil c. France, 8 јуни 1995, § 35, серија A бр. 317B, Ecer et Zeyrek c. Turquie, бр. 29295/95 и 29363/95, § 36, ЕСЧП 2001II, и Mihai Toma c. Roumanie, бр. 1051/06, §§ 26-31, 24 јануари 2012). Тој, исто така, го утврдува, поопшто, начелото на законитоста на кривичните дела и на казните - „nullum crimen, nulla poena sine lege" - (Kokkinakis v. Grèce, 25 мај 1993, § 52, серија A бр. 260A). Иако го забранува особено проширувањето на полето на примена на постоечките кривични дела на дела кои, претходно, не претставувале кривични дела, тој наредува освен тоа да не се применува кривичниот закон на екстензивен начин на штета на обвинетиот, на пример, по аналогија (Coëme et autres c. Belgique, бр. 32492/96, 32547/96, 32548/96, 33209/96 и 33210/96, § 145, ЕСЧП 2000-VII ; за пример на примена по пат на аналогија на казна, видете ја пресудата Başkaya et Okçuoğlu c. Turquie [ГС], бр. 23536/94 и 24408/94, §§ 42-43, ЕСЧП 1999IV).
79. Следи дека законот мора јасно да ги дефинира прекршоците и казните кои нив ги казнуваат. Овој услов е задоволен кога граѓанинот кој е страна во судската постапка може да знае, од формулацијата на релевантната одредба, по потреба со помош на толкувањето што за тоа го даваат судовите и евентуално откако ќе прибегне кон стручни совети, кои сторувања и несторувања ја вклучуваат неговата кривична одговорност и која казна може да му биде изречена по тој основ (Cantoni c. France, 15 ноември 1996, § 29, Recueil des arrêts et décisions 1996V, и Kafkaris, претходно наведена, § 140).
80. Оттука, задачата на Судот, особено, е да се осигура дека, кога обвинет го сторил делото што довело до кривично гонење и осуда, имало законска одредба со која се казнувало делото и дека изречената казна не ги надминала ограничувањата утврдени со таа одредба (Coëme et autres, précité, § 145, и Achour c.. France [ГС], бр. 67335/01, § 43, ЕСЧП 2006IV)
б) Поимот „казна“ и опсегот на казната
(...)
в) Предвидливост на кривичниот закон
91. Поимот на „закон“ („law“) кој се користи во членот 7 одговара на оној на „закон“ содржан во други членови од Конвенцијата; тој го вклучува законот кој потекнува како од законодавството така и од судската пракса и имплицира квалитативни услови, меѓу другото оние на пристапност и предвидливост (видете Kokkinakis, претходно цитирана, §§ 40-41, Cantoni, претходно цитирана, § 29, Coëme et autres, претходно цитирана, § 145, и E.K. c. Turquie, бр 28496/95, § 51, 7 февруари
2002). Овие квалитативни услови мора да бидат исполнети како за дефинирање на кривичното дело така и за казната што тоа ја вклучува.
92. Токму поради општиот карактер на законите, текстот на истите не може да биде апсолутно прецизен. Еден од техничките стандарди за регулирање е да се користат општи категории, а не исцрпни листи. Така, многу закони се служат, по силата на нештата, со повеќе или помалку нејасни формулации чие толкување и примена зависи од праксата (Kokkinakis, цитирана погоре, § 40, и Cantoni, цитирана погоре, § 31). Затоа, во кој и да е правен систем, колку и да е јасно формулирана некоја законска одредба, вклучително и одредба од кривично право, неизбежно постои елемент на судско толкување. Секогаш ќе треба да се разјаснат спорните точки и да се адаптира на промената на ситуацијата. Освен тоа, сигурноста, иако е многу пожелна, понекогаш е придружена со прекумерна ригидност; а меѓутоа, правото мора да се зане да се прилагодува на промените на ситуацијата (Kafkaris, претходно цитирана, § 141).
93. Фукцијата на одлучување која им е доделена на судовите токму служи да ги растера сите преостанати сомнежи во однос на толкувањето на стандардите (ibidem). Впрочем, добро е воспоставено во правната традиција на државите страни на Конвенцијата дека судската пракса, како извор на правото, нужно придонесува кон прогресивниот развој на кривичното право (Kruslin c. France, 24 април 1990, § 29, серија A бр. 176A). Невозможно е да се протолкува членот 7 од Конвенцијата како забранувајќи го постепеното појаснување на правилата на кривична одговорност преку судското толкување од случај до случај, под услов резултатот да е во согласност со содржината на кривичното делото и разумно предвидлив (S.W. et C.R. c. Royaume-Uni, претходно наведени, поединечно § 36 и § 34, Streletz, Kessler et Krenz, претходно наведена, § 50, K.-H.W. c. Allemagne [ГС], бр. 37201/97, § 85, ЕСЧП 2001II, Korbely c. Hongrie [ГС], бр. 9174/02, § 71, ЕСЧП 2008, и Kononov c. Lettonie [ГС], бр. 36376/04, § 185, ЕСЧП 2010). Недостатокот од достапно и разумно предвидливо судско толкување може дури и да доведе до утврдување на повреда на членот 7 во однос на обвинет (видете, во однос на конститутивните елементи на кривичното дело, Pessino c . France, бр. 40403/02, §§ 35-36, 10 октомври 2006, и Dragotoniu et Militaru-Pidhorni c. Roumanie, бр. 77193/01 и 77196/01, §§ 43-44, 24 maj 2007 ; видете, што се однесува до казната, Alimuçaj c. Albanie, бр. 20134/05, §§ 154162, 7 февруари 2012). Ако беше поинаку, предметот и целта на оваа одредба - која бара никој да не е подложен на произволно гонење, осуда или казна - ќе останеа непознати.“
51. Судот понатаму потсетува дека не е негова задача да ги замени домашните судови во оценувањето и правната квалификација на делата, под услов тие да се потпираат врз основана анализа на елементите на предметот ( видете, mutatis mutandis, Florin Ionescu c. Roumanie, бр. 24916/05, § 59, 24 мај 2011). Општо земено, Судот потсетува дека првенствено националните органи, особено првостепените и второстепените судови, имаат за задача да го протолкуваат домашното законодавство. Неговата улога оттука се ограничува на тоа да ја провери компатибилноста со Конвенцијата на ефектите од таквото толкување (Waite et Kennedy c. Allemagne [ГС], бр. 26083/94, § 54, ЕСЧП 1999-I, Korbely c. Hongrie, [ГС], бр. 9174/02, §§ 72-73, ЕСЧП 2008, и Kononov c. Lettonie [ГС], бр. 36376/04, § 197, ЕСЧП 2010).
52. Сепак, Судот треба да ужива поширока моќ на контрола кога правото заштитено со одредба од Конвенцијата, односно, во случајов со членот 7, бара постоење на правен основ за изрекување на осуда и казна. Членот 7 § 1 бара од Судот да испита дали осудата на жалителот се базирала на времето на правна основа. Особено, тој мора да се осигура дека резултатот до кој дошле надлежните државни судови е во согласност со членот 7 од Конвенцијата. Членот 7 би станал беспредметен доколку на Судот би му се доделиле понешироки овластувања за контрола (видете Kononov, претходно наведена, § 198).
53. Како заклучок, Судот мора да разгледа дали осудата на жалителот била врз основа на доволно јасна основа (видете Kononov, претходно наведена, § 199).
2. Примена во конкретниот случај на горенаведените принципи
54. Судот констатира дека аргументот на жалителот во суштина се состои во тврдење, најпрво, дека неговите постапки од пред 1 јуни 2004 година не биле казниви според кривичниот закон кој се применувал на денот на нивното извршување, бидејќи, според него, тие не ги обединувале составните елементи на кривичните дела наведени од страна на властите, имено оние на кои се однесуваат членовите 197a и / или 221 од Кривичниот законик и тие можеле да се сметаат само како прекршоци, и, второ, дека различните дела на агресија извршени од него не можеле да се квалификуваат како продолжено кривично дело затоа што, според него, ништо навистина не покажувало дека тие биле водени од иста намера или дека биле блиски во времето.
55. Од ограничувањата наведени во ставовите 51-52 погоре произлегува дека Судот не треба да се произнесе за индивидуалната кривична одговорност на жалителот, прашање кое пред се било одговорност на националните судови. Така навистина им припаѓало ним да ги утврдат фактите и да ја оценат намерата на жалителот врз основа на елементите од предметот пред да одлучат, според домашното право онака како што е толкувано од страна на судската пракса, дали било потребно да се квалификуваат постапките на жалителот како продолжено кривично дело, континуирано кривично дело, или како стек или повторување на кривични дела. Судот оттука не мора да каже дали делата извршени од страна на жалителот пред 1 јуни 2004 година ги обединувале составните елементи на кривичните дела дефинирани од страна на горенаведените одредби (видете, mutatis mutandis, Lehideux et Isorni c. France, 23 септември 1998, § 50, Recueil des arrêts et décisions 1998VII), или дали постапувањата во прашање требало да се сметаат како продолжено кривично дело во однос на домашното право.
56. Всушност, Судот во однос на членот 7 § 1 има двојна функција во овој случај. Прво, тој треба испита дали, во времето кога биле извршени, дејствијата на жалителот, вклучувајќи ги и оние пред влегувањето во сила на членот 215a од кривичниот законик од 1-ви јуни 2004 година, сочинувале повреда дефинирана на доволно предвидлив начин во домашното право (Streletz, Kessler et Krenz c. Allemagne [ГС], бр. 34044/96, 35532/97 и 44801/98, § 51, ЕСЧП 2001II, Veeber c. Estonie (бр. 2), претходно наведена, § 33, и Korbely, претходно наведена, §§ 72-73), прашањето на пристапноста овде не се поставува. Второ, тoj мора да каже дали примената на таа одредба од страна на националните судови, која имала како ефект да ги опфати заедно дејствијата извршени од страна на жалителот пред 1 јуни 2004 година, вклучувала реална можност на истиот да му биде изречена, спротивно на членот 7 од Конвенцијата, поголема казна (видете, mutatis mutandis, Maktouf et Damjanović, претходно наведена, § 70).
а) Дали делото е дефинирано на доволно предвидлив начин?
57. Судот веќе бил повикан да ја разгледа основаноста на два случаи каде што жалителот бил осуден за продолжено или континуирано кривично дело, но без притоа да била утврдена разлика меѓу двете категории на казниво дело (видете Ecer et Zeyrek, и Veeber (бр. 2), обете наведени во ставот 28 погоре). Во своите пресуди во наведените случаи, тој забележал дека, по дефиниција, таквите дела се однесуваат на дејствија кои се протегаат во текот на одредено времетраење (видете Veeber (бр.2), претходно наведена, § 35). Тој додал дека, кога лице е обвинето за „трајно“ кривично дело, поимот на правна сигурност бара дејствијата кои го сочинуваат кривичното дело, кои ја вклучуваат кривичната одговорност на засегнатиот, да бидат јасно искажани во обвинението. Покрај тоа, одлуката донесена од домашниот суд исто така мора да појасни дека осудата и казната се засноваат на констатацијата дека обвинителството утврдило постоење на составните елементи на „трајно“ кривично дело (видете Ecer et Zeyrek, претходно наведена, § 33).
58. Судот исто така потсетува дека, во секој правен систем, домашните судови се оние кои треба да ги толкуваат правилата на материјалното кривичното право на начин да се утврди, во однос на секое дело, датумот кога, под претпоставка дека составните елементи на истото се обединети, се извршува кривично дело. Се работи за елемент на судско толкување што Конвенцијата не може да го попречи, се додека резултатите до кои доажаат домашните судови се разумно предвидливи во рамките на значењето на судската пракса на Судот (видете Previti c. Italie (одл.), бр. 45291/06, § 283, 8 декември 2009).
59. Осврнувајќи се на конкретните околности на случајот, Судот уште веднаш забележува дека жалителот бил прогласен виновен за обвиненијата покренати против него, односно, за тоа што, барем во текот на периодот помеѓу 2000-тата година и 8 февруари 2006 година, ја злоставувал својата сопруга физички и психички, во повеќе наврати, кога бил пијан (за повеќе детали, видете го ставот 10 погоре), предизвикувајќи и различни сериозни повреди поради што таа морала да побара медицинска помош на 26 јуни 2000 г., на 18 јули 2003 година и на 8 февруари 2006 година (видете став 10 погоре). Во својата пресуда од 21 февруари 2008 година, Врховниот суд ја потврдил правната класификација, усвоена од страна на пониските судови, за злоставување на лице што живее под ист покрив, во смисла на членот 215a од Кривичниот законик, онака како што бил во сила од 1 јуни 2004 г., и ја применил оваа одредба, исто така, на малтретирањата што ги вршел жалителот врз својата сопруга пред тој датум. Во овој поглед, тој се повикал на својата одлука за Tzn бр 12/93 од 8 декември 1993 година, во која тој му пристапил на продолжено кривично дело како на едно единствено дело и посочил дека неговата кривична квалификација требало да биде оценета во светло на законот сила на денот на последното од неговите случувања. Оттука, тој сметал дека членот 215a се применувал исто така на претходните дејствија на насилство, под услов тие да биле кривично казниви според претходниот закон, и сметал дека дејствијата што жалителот ги извршил пред измената од 1 јуни, 2004 г., во најмала рака претставувале кривично дело согласно членовите 221 и 197a § 1 од Кривичниот законик. Тој, исто така, заклучил, во однос на предметот, дека постапките на обвинетиот ги обединувале сите законски елементи на кривичното дело злоставување на лице кое живее под ист покрив, во смисла на членот 215a §§ 1 и 2 б) од Кривичниот законик. Со оглед на тоа што кривичното дело за кое станува збор било извршено барем во периодот помеѓу 2000-тата година и 8 февруари 2006 година, Врховниот суд додал дека материјалните услови, утврдени во ставот 2б) од членот 215a, овозможувајќи тоа да се кваликфикува како дело со отежнувачки околности поради неговото долго траење биле исполнети (видете став 13 погоре).
60. Судот понатаму забележува дека имплицитно произлегува од расудувањето на Врховниот суд изложено погоре, кое се повикувало на одлуката од 8 декември 1993 година, дека толкувањето направено од страна на тој суд водело сметка за посебните правила изнесени во членот 89 § 3, кој го вовел концептот на продолжување на кривичното дело, со потекло во судската пракса, во кривичниот законик во 1994 година (видете ставови 20 и 24 погоре), односно пред првото дело на насилство извршено од страна на жалителот врз неговата сопруга и за кое бил прогласен за виновен (видете ја, обратно, пресудата Veeber (бр.2), претходно наведена, § 37). Освен тоа, како што тоа го потврдува во своите забелешки пред Судот, жалителот не ја оспорува предвидливоста на примената што ја направиле националните судови во неговиот случај на правилата утврдени во членот 89 § 3.
61. Според оваа одредба, продолжувањето на кривично дело се однесувало на поединечни дејствија насочени кон истата цел, пришто тие биле составни елементи од истото кривично дело и биле меѓусобно поврзани бидејќи биле извршени на идентиечен или сличен начин, и биле блиски во времето и ја имале истата цел. Од јасната и утврдена судска пракса на Врховниот суд (видете ставови 25-27 погоре) и на ставовите изразени во доктрината (видете став 24 погоре) произлегува дека „продолжено“ кривично дело претставува едно исто дело, чија квалификации во чешкото кривично право се оценува во светло на правилата во сила на датумот кога завршило неговото последно случување, под услов делата извршени под претходните законски одредби, исто така, да се казниви според нив.
62. Со оглед на тоа дека постапките на жалителот од пред 1 јуни 2004 година биле сметани за кривични дела казниви според членот 197a или 221 § 1 од Кривичниот законик и дека тие ги обединувале составните елементи на делото според членот 215a, Судот прифаќа дека тоа што домашните судови го прогласиле засегнатиот за виновен врз основа на оваа одредба исто и за делата извршени пред тој датум не претставувало ретроактивна примена на кривичното право на штета на жалителот, забранета со Конвенцијата. Покрај тоа, во својата пресуда од 10 јуни 2008 година, Уставниот суд оценил дека донесените одлуки од страна на националните судови во овој случај биле конзистентни и кохерентни и дека тие немале ретроактивно дејство забрането со Уставот. Судот не гледа ништо што би можело да го натера да смета дека оваа оценка содржела елементи на непредвидливост, забрането според членот 7 од Конвенцијата.
63. Со оглед на овие околности, и со оглед на јасноста на формулацијата на релевантните национални правила, доплонително појаснети од страна на толкувањето на националните судови, Судот смета дека продолжувајќи да ги извршува своите дејствија по 1 јуни 2004 година, датумот кога било воведено во Кривичниот законик делото на злоставување на лице што живее под истиот покрив, жалителот можел и требал да очекува, евентуално по добивање на соодветни правни совети, да му се суди за продолжено кривично дело, оценето во светлото на законските одредби во сила на денот на неговото последно случување, имено членот 215a од Казнениот законик. Судот не гледа причина за сомневање дека жалителот бил во состојба да предвиди, не само во однос на периодот по влегувањето во сила на оваа одредба на 1 јуни 2004 година, туку исто и на периодот од 2000-тата до тој датум, дека неговата кривична одговорност можела да биде вклучена за продолженото кривично дело наведено погоре, и да го прилагоди своето однесување соодветно на тоа (видете, mutatis mutandis, Streletz, Kessler et Krenz, претходно наведена, § 82, и Achour c. France [ГС], бр. 67335/01, §§ 52-53, ЕСЧП 2006IV).
64. Во овие околности, Судот е уверен не само дека кривичното дело за кое жалителот бил прогласен за виновен имало основа „во мигот кога било сторено (...) според националниот закон“ кој е релевантен, туку, исто така, дека овој закон го дефинирал делото доволно јасно за да го задоволи барањето за квалитативна предвидливост кое произлегува од автономното значење на поимот „закон“ во членот 7 од Конвенцијата.
б) Дали казната изречена за жалителот врз основа на членот 215a била потешка?
65. Понатаму, Судот не може да го прифати аргументот на жалителот дека изрекувањето од страна на националните судови на казна врз основа на членот 215a исто за делата од пред 1 јуни 2004 година довело до зголемување на казната која инаку би му била изречена.
66. Како што веќе беше напоменато погоре, може да се заклучи во однос на расудувањето на домашните судови, особено на она усвоено од страна на Врховниот суд во својата пресуда од 21 февруари 2008 година, дека сите составни елементи на кривичното дело според членот 215a §§ 1 и 2b) од Кривичниот законик, исто така, биле обединети во однос на делата сторени од страна на жалителот пред влегувањето во сила на оваа одредба на 1 јуни 2004 година. Покрај тоа, судовите изрично се произнеле дека овие дела биле казниви според претходниот закон.
67. Не постои индикација дека горенаведеното расудување на домашните судови го имало како негативна последица за жалителот зголемувањето на неговата казна (видете, обратно, Veeber (бр.2), претходно наведена, § 36). Спротивно на тоа, ако делата извршени пред 1 јуни 2004 година и оние по тој датум биле земени одделно, релевантното правило на изрекување на казните предвидено во членот 35 § 1 од Кривичниот законик би резултирало со утврдување на на казната врз основа на законската одредба со која се регулира најтешкото кривично дело, имено членот 215a од Кривичниот законик. Како што тоа го посочува Владата, жалителот тогаш ќе добиел казна која не можела да биде помала од онаа навистина изречена и која можела да биде уште потешка, во онаа мера во која постоењето на повеќе дела, најверојатно, ќе било земено како отежнувачка околност согласно членот 34k од Кривичниот законик.
68. Судот, исто така, не е убеден во аргументот на жалителот дека ако делата на насилство извршени од негова страна биле земени одделно, две од нив (веројатно оние извршени на 24 јуни 2000 и 17 јули, 2003) ќе биле застарени. Членот 67 § 1 г) од Кривичниот законик предвидувал рок на застарување од три години за кое и да е дело казниво со казна затвор со максимално времетрање помало од три години. Оттука, дури и ако жалителот бил гонет само за трите инциденти посочени од страна на националните судови, тој во секој случај ќе можел да биде суден барем за насилното дело извршено на 17 јули, 2003 година, кое спаѓало под стариот закон, и за делото извршено на 8 февруари 2006 г., кое спаѓало под новиот закон.
69. Со оглед на горенаведеното, Судот смета дека оценувањето според новиот закон на делата извршени пред влегувањето во сила на истиот не резултирало со утврдување на казна која би била неповолна за жалителот. Всушност, нему му била изречена една казна која во секој случај законски му следувала за делата извршени од него по влегувањето во сила на новиот закон (видете став 37 погоре и, a contrario, Mqktouf et Damjanović, цитирана погоре, § 70).
в) Заклучок
70. Горенаведените елементи му се доволни на Судот за да заклучи дека казната изречена на жалителот, осуден за продолжено кривично дело на злоставување на лице што живее под ист покрив, била применлива на датумот кога се смета дека ова кривично дело престанало, согласно „закон" кој бил предвидлив што се однесува до неговите правни дејства. Кривичното право не било применето ретроактивно и жалителот не бил подложен на правила за утврдување на казни построги од оние што ќе се применувале ако им се судело за неколку одделни казниви дела.
71. Судот смета дека расудувањето на чешките судови во овој случај е во согласност со предметот и целта на членот 7 од Конвенцијата, што е да се осигура дека никој не е гонет, осуден или казнет произволно (видете став 50 погоре). Покрај тоа, зајакнувајќи го националниот правен систем за заштита од семејно насилство - она извршено врз жените кое и понатаму останува загрижувачко во европските општества денес (видете став 38 погоре и Opuz c. Turquie, бр. 33401/02, ЕСЧП 2009) - , ова расудување е во согласност со основните цели на Конвенцијата, чија суштина е почитување на човековите достоинство и на слобода (видете, mutatis mutandis, C.R. c. Royaume-Uni, 22 ноември 1995, § 42, серија A бр. 335C).
72. За да дојде до горенаведените наоди, Судот ја разгледал во однос на членот 7 од Конвенцијата примената, во случајот на жалителот, на концептот, онака како што е утврден во чешкиот закон, на продолжување на кривичното дело злоставување на лице кое живее под ист покрив. За споредба, може да се забележи во овој контекст дека поимот на продолжено кривично дело како што е дефиниран од страна на чешкиот рамковен закон со европската традиција која се одразува во националните закони на пооглемото мнозинство на земјите членки на Советот на Европа (видете ставови 31 и 33 погоре) и дека, според тоа, ситуацијата во однос на прашањето на предвидливоста покренато во овој случај не се чини значително различна од онаа што се однесува на кривичните дела од ист вид што се предвидени во националните правни системи на другите држави потписнички на Конвенцијата. Како што е јасно од описот на дејствијата на жалителот даден од страна на домашните органи, тие биле насочени против конкретна жртва, имено неговата сопруга, и особено против правните добра што за неа го претставувале нејзиниот физички и ментален интегритет како и нејзината чест. Исто така е јасно дека начинот на постапување бил ист: насилствата биле извршени под истиот покрив, имало временска блискост меѓу различните дејствија, кои се протегале во текот на период од неколку години, секое од дејсствијата извршени во тој период било сторено со истата криминална намера и секое од нив било спротивно на кривичното право. Со други зборови, делото за кое жалителот бил осуден имало некои исти карактеристики со други дела од овој вид што постојат во кругот на државите потписнички, исто како што и решението на чешкиот кривичен правен систем кое се состои, во случаи како што е оној на овој случај, во тоа да се изрече казна за едно исто кривично дело, исто така, било усвоено во други држави потписнички (видете ставови 33-37 погоре).
73. Накусо, немало повреда на членот 7 од Конвенцијата.
ПОРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО,
Прогласи дека немало повреда на член 7 од Конвенцијата.
Изготвено на француски и англиски јазик и потоа доставено во писмена форма на 27 јануари 2015 година.
Мајкл О’ БојлДин Шпилман
Заменик секретар на судот Претседател
Кон оваа пресуда прикачено е, согласно членот 45 став 2 од Конвенцијата и членот 74 став 2 од Деловникот, експозето на следните издвоени мислења:
– согласно мислење на судиката Зејмеле ;
– согласно мислење на судијата Пинто де Албуркерке.
Д.С.
М.О’Б.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe ()). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy