Роман Захаров (Roman Zakharov) против Русија – Ж. бр. 47143/06 Пресуда од 4 декември 2015 година [ГСС] Факти – Жалителот, кој бил главен уредник на издавачка куќа покренал судска постапка против три мобилни оператори, жалејќи се на повреда на неговото право на приватност на неговата телефонска комуникација. Тврдел дека според релевантното домашно право, мобилните оператори имале инсталирано опрема која ѝ дозволувало на Федералната служба за безбедност (ФСБ) да ја пресретнува целата телефонска комуникација без претходно судско одобрение. Toj побарал судски налог со кој би се наложило отстранување на опремата и осигурување дека пристапот до телекомуникациите ќе им се даде само за овластени лица. Домашните судови го одбиле барањето на жалителот и утврдиле дека тој не успеал да докаже дека неговите телефонски разговори биле пресретнувани или дека мобилните оператори пренеле заштитени информации до неовластени лица. Инсталирањето на опремата на која тој упатувал само по себе не претставувало повреда на приватноста на неговите комуникации. Во постапката според Конвенцијата жалителот се жалел дека системот на тајно пресретнување на комуникациите по мобилен телефон во Русија не бил во согласност со барањата од членот 8 од Конвенцијата. На 11 март 2014 година Судскиот совет на Судот му ја отстапил својата надлежност на Големиот судски совет. Право – Член 8 (a) Статус на жртва – Пристапот на Судот во случајот Кенеди (Kennedy) против Обединетото Кралство бил најдобро прилагоден на потребата да се обезбеди тајноста на мерките за следење да не доведе до тоа мерките да не можат ефективно да бидат оспорени и да бидат надвор од надзорот на националните судски власти и на Судот. Следствено, жалителот може да тврди дека е жртва на повреда предизвикана од самото постоење на мерки за тајно следење или законска регулатива која дозволува такви мерки, доколку се исполнети следниве услови: (i) Опсег на законодавството – Судот ќе го земе предвид опсегот на законодавството кој дозволува мерки за тајно следење преку проверка дали жалителот може на некаков начин да биде погоден од тоа, било заради тоа што тој ѝ припаѓа на група на лица кои се цел на оспорената законска регулатива или бидејќи законската регулатива директно влијае на сите корисници на комуникациски услуги преку воспоставување на систем во кој на секое лице може да му се следат комуникациите. (ii) Достапност на правни средства на национално ниво – Судот ќе ја земе предвид достапноста на правните средства на национално ниво и ќе го прилагоди степенот на надзор во зависност од делотворноста на таквите правни средства. Онаму каде домашниот систем не обезбедува ефективно правно средство, широко распространетиот сомнеж и загриженоста кај општата јавност дека овластувањата за тајно следење се злоупотребува не може да се каже дека се неоправдани. Во такви околности заканата од следење може да се тврди дека сама по себе ја ограничува слободната комуникација преку поштенски и телекомуникациски услуги, со што за сите корисници или потенцијални корисници претставува директно мешање во правото гарантирано со членот 8. Затоа постои поголема потреба од надзор од страна на Судот, а исклучок од правилото според кое поединци се лишуваат од правото да се оспори еден закон in abstracto2 е оправдан. Во такви случаи поединецот нема потреба да покаже постоење на некаква опасност дека во неговиот случај биле применети мерки за тајно следење. Спротивно на тоа, доколку националниот систем предвидува делотворни правни средства, потешко е да се оправда широко распространетиот сомнеж за злоупотреба. Во такви случаи, лицето може да тврди дека е жртва на повреда предизвикана од самото постоење на тајни мерки или на законска регулатива која дозволува тајни мерки само ако тој е во можност да покаже дека заради својата лична состојба, тој потенцијално е соочен со ризик да биде подложен на такви мерки. Во овој случај, оспореното законодавство директно ги погаѓа сите корисници на услуги на мобилната телефонија, бидејќи со тоа се воведува систем на тајно следење според кој на секое лице што користи услуги на мобилната телефонија од националните провајдери може да му бидат пресретнати комуникациите по мобилен телефон без да биде известен за следењето. Понатаму, домашното право не нудело делотворни правни средства за лица кои се сомневале дека се предмет на тајно следење. Според тоа, испитувањето на релевантното законодавство in abstracto било оправдано. Жалителот немало потреба да покаже дека заради неговата лична состојба, ризикувал да биде подложен на тајно следење. Затоа тој имал право да тврди дека бил жртва на повреда на Конвенцијата. Заклучок: прелиминарниот приговор е отфрлен (едногласно). (б) Основаност – Самото постоење на оспореното законодавство само по себе довело до мешање во остварувањето на правата на жалителот во согласност со членот 8. Пресретнувањето на комуникациите по мобилен телефон имало основа во домашното право и се стремело кон легитимните цели за заштита на националната безбедност и јавната сигурност, спречување на криминал и заштита на економската благосостојба на земјата. Останува да се провери дали домашното право било достапно и содржело соодветна и делотворна заштита и гаранции за 2 Генерално, не во конкретен случај, заб. на стр. лектор да се исполнат барањата за „предвидливост“ и „неопходност во едно демократско општество“. (i) Достапност – Заеднички основ било тоа дека речиси сите домашни законски одредби кои го уредувале тајното следење биле официјално објавувани и дека ѝ биле достапни на јавноста. Иако постоел извесен спор околу достапноста од дополнителните одредби, Судот забележал дека тие биле објавени во службено министерско списание и биле достапни преку правна база на податоци на интернет, па така сметал дека немало потреба да продолжи да се занимава со ова прашање. (ii) Опсег на примена на мерки за тајно следење – Природата на делата кои можеле да поттикнат барање на налог за пресретнување била доволно јасна. Меѓутоа, загрижувал фактот дека домашното право дозволувало тајно пресретнување на комуникации за широк спектар на дела. Понатаму, пресретнувањето можело да се нареди не само за осомничен или обвинет, туку и за лица кои може да имаат информации за некое дело. Иако Судот во еден претходен случај утврдил дека мерките за пресретнување во однос на лице кое поседува информации за некое дело може да се оправдани во согласност со членот 8, во овој случај тој забележал дека домашното право не појаснило кој во пракса можел да потпадне под таа категорија. Ниту пак законот укажувал на околностите во кои комуникациите можеле да бидат пресретнати на сметка на настаните или активностите кои ја ставале во опасност националната, воената, економската или еколошката безбедност на Русија. Наместо тоа, на властите им било дадено речиси неограничено дискрециско право во утврдувањето на тоа кои настани или дела претставувале таква закана и дали заканата била доволно сериозна за да оправда тајно следење. Тоа создало можности за злоупотреба. (iii) Времетраење на мерките за тајно следење – Иако домашното право содржело јасни правила за времетраењето и обновувањето на пресретнувањата и овозможувало соодветни гаранции против злоупотреби, релевантните одредби за прекинување на мерките за надзор не обезбедувале доволни гаранции против своеволно мешање. (iv) Постапки, меѓу другото, за складирање и уништување на пресретнатите податоци - Домашното право содржело јасни правила за складирање, користење и пренесување на пресретнатите податоци, со што се овозможувало сведување на минимум на ризикот од неовластениот пристап или откривање. Меѓутоа, иако Судот го сметал за разумен шестмесечниот временски рок што се применувал за складирање на пресретнатиот материјал доколку засегнатото лице не било обвинето за кривично дело, тој жалел за тоа што не постоело барање веднаш да се уништат секакви податоци кои биле релевантни за целите за кои биле добиени. Автоматското складирање во времетраење од шест месеци на очигледно нерелевантни податоци не може да се смета за оправдано во согласност со членот 8. Понатаму, во случаи кога лицето кое се следи е обвинето за кривично дело, судечкиот судија имал неограничено дискрециско право според домашното право да одлучи дали да нареди понатамошно складирање или уништување на пресретнатите материјали што се користеле како доказ. Обичните граѓани немале никаков показател за околностите во кои можел да се складира пресретнатиот материјал. Затоа домашното право не било доволно јасно во однос на ова прашање. (v) Одобрување на пресретнувањата – Што се однесува до постапките на добивање одобрение, секое пресретнување на телефонска или друг вид комуникација морало да биде одобрено од суд. Меѓутоа судската проверка имала ограничен опсег. Поконкретно, материјалите кои содржеле информации за тајни агенти или полициски доушници или за организација и тактики на оперативно- истражните мерки не можеле да се поднесат до судијата и затоа биле исклучени од опсегот на проверката од страна на судот. Оттука, фактот дека не се обелоденувале релевантни информации на судовите ги лишувало од овластувањето да проценат дали имало доволна фактичка основа за да се осомничат лицата за кои биле барани оперативно-истражни мерки за кривично дело или активности со кои се ставала во опасност националната, воената, економската или еколошката безбедност. Навистина, руските судии не добиле инструкции да го проверат постоењето на „разумен сомнеж“ против засегнатото лице или да ги применат тестовите за „неопходност“ и „сразмерност“. Исто така, релевантното домашно право не содржело никакви барања што се однесувале на содржината на барањата за пресретнување или на одобренијата. Како резултат на тоа, судовите понекогаш одобрувале пресретнување на сите телефонски комуникации во област каде било извршено кривично дело, без да се напомене некое одредено лице или телефонски број. Во некои одобренија не се споменувале временскиот период за кое пресретнувањето било одобрено. Таквите одобренија им давале многу широко дискрециско право на органите на прогонот за тоа кои комуникации да бидат пресретнувани и колку долго. Понатаму, во случаи на итност било можно да се пресретнуваат комуникации без претходно судско одобрение за период до 48 часа. Меѓутоа, итната постапка не предвидувала доволна заштита за да се осигури дека таа ќе се користи внимателно и само во соодветно оправдани случаи. Домашното право не ја ограничувало употребата на итната постапка на случаи кои вклучувале непосредна сериозна опасност, со што на властите им се давало неограничено дискрециско право да ја утврди ситуацијата во која ќе се користи, со што се создавала можност за злоупотреба. Понатаму, иако во согласност со домашното право судијата требало веднаш да биде информиран за секој случај на итно пресретнување, овластувањето на судијата било ограничено на одобрение на продолжувањето на мерката на пресретнување после поминати 48 часа. Според тоа, руското право не предвидувало делотворна судска ревизија на итната постапка. Накусо, постапките за одобрение предвидени со руското право не можеле да обезбедат мерките за тајно следење да не бидат наложувани без некаков ред, нерегуларно или без соодветно и правилно разгледување. Дополнителен проблем бил фактот дека органите на прогонот начелно немале обврска според домашното право да им покажат судско одобрение на давателите на комуникациски услуги пред да добијат пристап до комуникациите, додека од своја страна од давателите на услугата се барало да инсталираат опрема, со што на властите ќе им се овозможел директен пристап до комуникациите на сите корисници на мобилни телефони. Оттука системот бил особено подложен на злоупотреба. (vi) Надзор – Забраната утврдена во домашното право да се заведуваат или евидентираат пресретнувањата му оневозможувала на надзорниот орган да ги открие пресретнувањата кои биле извршени без соодветно судско одобрение. Комбинирана со техничката способност на властите да пресретнуваат комуникации директно, оваа одредба ги правела сите надзорни активности неспособни за откривање на незаконски пресретнувања неделотворна. и затоа била Кога пресретнувањата биле спроведувани врз основа на соодветно судско овластување, судскиот надзор бил ограничен на првичната фаза на одобрување. Подоцнежниот надзор им бил доверен на претседателот, парламентот, владата, главниот обвинител и надлежните обвинители на пониско ниво. Домашното право не го утврдило начинот на кој претседателот, парламентот и владата требале да вршат надзор на пресретнувањата. Немало никакви јавно достапни прописи или насоки со кои се опишувал опсегот на нивното разгледување, условите под кои можело да се спроведе или постапките за разгледување на мерките за надзор или за исправка на повредите. Иако законската рамка, барем во теорија, обезбедувала одреден надзор од страна на обвинителите, таа во пракса не можела да обезбеди соодветни и ефективни гаранции против злоупотреба. Конкретно: – постоеле сомнежи во независноста на обвинителите, бидејќи тие биле назначувани и разрешувани од страна на главниот обвинител по консултација со регионалните извршни власти и имале функции кои се преклопувале бидејќи тие ги одобрувале барањата за пресретнување и потоа вршеле надзор на нивното спроведување; – постоеле ограничувања во однос на опсегот на нивниот надзор (обвинителите немале информации за работата на тајните агенти и мерките за следење поврзани со контраразузнавањето и го избегнувале нивниот надзор со оглед дека засегнатите страни би биле несвесни дека биле предмет на надзор и поради тоа не можеле да поднесат жалба); – – постоеле ограничувања за нивните овластувања, на пример, иако тие можеле да преземаат мерки за да се сопрат или исправат повредите и да се повикаат одговорните лица на одговорност за тоа, не постоела конкретна одредба која барала уништување на незаконски стекнатиот пресретнат материјал; нивниот надзор не бил отворен за јавната оцена и знаење, бидејќи нивните извештаи не биле објавувани или на друг начин достапни за јавноста; – Владата не поднела никакви инспекциски извештаи или одлуки од обвинителите со кои се наложувало преземање на мерки за сопирање или исправка на откриените повреди на законот. (vii) Известување за пресретнување и достапни правни средства – Лицата чии комуникации биле пресретнати не биле известувани. Освен ако не биле отворени кривични постапки против предметот на пресретнувањето и податоците од пресретнувањето не биле користени како докази, малку било веројатно дека засегнатото лице некогаш ќе дознае дека неговите комуникации биле пресретнувани. Лицата кои некако ќе дознаеле можеле да побараат информации за односните податоци. Меѓутоа, за да поднесат такво барање тие требале да ги поседуваат фактите за оперативно-истражните мерки на кои биле подложени. На тој начин, пристапот до информации бил условен од способноста на лицето да докаже дека неговите комуникации биле пресретнувани. Понатаму, предметите на пресретнување немале право да добијат пристап до документи во врска со пресретнувањето на нивните комуникации: во најмала рака имале право да добијат „информации“ за собраните податоци. Таквите информации биле обезбедени само во многу ограничени околности, имено доколку вината на лицето не била докажана во согласност со правото и доколку информациите не содржеле државни тајни. Бидејќи, во согласност со руското право, информации за средствата што се користеле во оперативно-истражните активности, применетите методи, инволвираните службени лица, како и собраните податоци претставувале државна тајна, можноста за добивање на информации за пресретнувањето се чини неделотворна. Судските правни средства на кои упатувала Владата биле достапни само за лица кои поседувале информации за пресретнувањето на нивните комуникации. Затоа, нивната делотворност била поткопана со отсуството на барањето да се извести предметот на пресретнувањето или на соодветна можност да се побараат и добијат податоци за пресретнатите информации од страна на властите. Соодветно на тоа, руското право не предвидувало делотворно судско правно средство против мерките за тајно следење во случаи кога не биле покренати никакви кривични постапки против предметот на пресретнувањето. Накусо, домашните правни одредби со кои се уредувало пресретнувањето на комуникациите не обезбедувале соодветни и делотворни гаранции против своеволноста и ризикот од злоупотреба. Домашното право не го исполнило условот за „квалитет на законот“ и било неспособно да го држи „пресретнувањето“ на „она што било неопходно во едно демократско општество“. Заклучок: повреда (едногласно). Член 41: Утврдувањето на повреда претставувало доволен правичен надомест за секаква нематеријална штета.
Full & Egal Universal Law Academy