© This translation was done by the Academy for Judges and Public Prosecutors of the Republic of Macedonia: http://www.jpacademy.gov.mk/Default.aspx?page=29. Permission to re-publish this translation has been granted for the sole purpose of its inclusion in the Court’s database HUDOC.
© Овој превод е изготвен при “Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија”: http://www.jpacademy.gov.mk/Default.aspx?page=29. Судот доби дозвола повторно да го објави овој превод единствено за да го вклучи во својата база на податоци: HUDOC.
СОВЕТ НА ЕВРОПА
ЕВРОПСКИ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА
СЛУЧАЈ: ROTARU против РОМАНИЈА
(Апликација бр. 28341/95)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
4 мај 2000 година
Во случајот Rotaru против Романија,
Европскиот суд за човекови права, заседавајќи како Голем судски совет составен од следниве судии:
г. L. WILDHABER, Претседател,
г-ѓа D. PALM,
г. А. PASTOR RIDRUEJO,
г. G. BONELLO,
г. J. MAKARCZYK,
г. R. TÜRMEN,
г. J.-P. COSTA,
г-ѓа F. TULKENS,
г-ѓа V. STRÁŽNICKÁ,
г. P. LORENZEN,
г. M. FISCHBACH,
г. V. BUTKEVYCH,
г. J. CASADEVALL,
г. A.B. BAKA,
г. R. MARUSTE,
г-ѓа S. BOTOUCHAROVA,
г-ѓа R. WEBER, ад хок судија,
коко и г. M. De SALVIA, Секретар,
Расправајќи на затворени седници на 19 јануари и 29 март 2000 година,
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на последниот наведен датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше поднесен до Судот во согласност со одредбите кои се применуваа се до влегувањето во сила на Протоколот бр. 11 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“)[1] од страна на Европската комисија за човекови права („Комисијата“) и од страна на романскиот државјанин, г. Aurel Rotaru („жалителот“), на 3 и 29 Јуни 1999 година, соодветно (член 5 § 4 од Протоколот бр. 11 и поранешните членови 47 и 48 од Конвенцијата).
2. Случајот беше инициран со жалбата (бр. 28341/95) против Романија поднесена до Комисијата на 22 февруари 1995 година, врз основа на поранешниот член 25 од Конвенцијата.
Жалителот изјави повреда на неговото право на почитување на неговиот приватен живот поради чување и користење на досие од страна на Романската разузнавачка служба кое ги содржи неговите лични податоци, како и повреда на неговото право на пристап до судот и неговото право на правен лек пред националните судови, кои би можеле да донесат одлука по неговата жалба за изменување или уништување на досието.
3. Комисијата ја прогласи жалбата за допуштена на 21 октомври 1996 година. Во својот извештај од 1 март 1999 година (поранешен член 31 од Конвенцијата), го изрази своето мислење дека имало повреда на членовите 8 и 13 од Конвенцијата. Целосниот текст на мислењето на Комисијата е репродуциран како анекс кон оваа пресуда.
4. На 7 јули 1999 година, панел на Големиот судски совет утврди дека за овој случај треба да одлучува Големиот судски совет (правило 100 § 1 од Деловникот на Судот). г. Bîrsan, судија избран од Романија, кој учествувал во разгледувањето на случајот од страна на Комисијата, се повлече од Големиот судски совет (правило 28). Следствено на тоа, Романската влада („Владата“) ја наименува г-ѓа R. Weber како ад хок судија во Големиот судски совет (член 27 § 2 од Конвенцијата и правило 29 § 1).
5. И жалителот и Владата доставија белешки.
6. Јавната расправа беше одржана во Зградата на човековите права, Стразбур, на 19 јануари 2000 година.
Пред Судот се појавија:
(a) за Владата
г-ѓа R. RIZOIU, Агент,
г. М. SELEGEAN, правен советник, Министерство за правда,
г. Т. CORLĂŢEAN, административен асистент, Постојана делегација на Романија во Советот на Европа, Советници;
(б) за жалителот
г. I. OLTEANU, Адвокат,
г. F. ROTARU, Застапник и син на жалителот.
Судот ги сослуша обраќањата на г-ѓа Rizoiu, г. Selegean, г. Olteanu и г. F. Rotaru.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
А. Осудата на жалителот во 1948 година
7. Жалителот, кој е роден во 1921 година, бил правник по професија. Тој сега е во пензија и живее во Bârlad.
8. Во 1946 година, по воспоставувањето на комунистичкиот режим, на жалителот, кој тогаш бил студент, не му била дадена дозвола од страна на префектот на округот Vaslui да објави два памфлета, „Студентска душа“ (Suflet de student) и „Протести“ (Proteste), врз основа на тоа што во нив биле изнесени анти-владини ставови.
9. Незадоволен поради тоа што не му била дадена дозвола, жалителот напишал две писма до префектот во кои се спротиставил на укинувањето на слободата на изразување од страна на режимот на новите луѓе. Како резултат на овие писма, жалителот бил лишен од слобода на 7 јули 1948 година. На 20 септември 1948 година, Народниот суд во округот Vaslui го прогласил за виновен жалителот по обвинение за навредливо однесување и го осудил на казна затвор во времетраење од една година.
Б. Постапка поведена врз основа на Законодавната уредба бр. 118/1990
10. Во 1989 година, по соборувањето на комунистичкиот режим, новата влада направи да биде усвоена Законодавната уредба бр. 118/1990, која им гарантира одредени права на оние лица кои биле прогонувани од страна на комунистичкиот режим и кои не биле вклучени во фашистички активности (види став 30 подолу).
11. На 30 јули 1990 година, жалителот повел постапка пред првостепениот суд во Bârlad против Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Одделот за вработување на округот Vaslui, барајќи да биде земена предвид затворската казна што му била изречена во пресудата од 1948 година во пресметката на неговиот работен стаж. Тој, исто така, барал исплата на соодветните права за пензионирање.
12. Судот изрекол пресуда на 11 јануари 1993 година. Потпирајќи се, меѓу другото, на изјавите на сведоците повикани од страна на жалителот (P.P и G.D.), на пресудата од 1948 година и на изјавите од Универзитетот во Iaşi, Судот забележа дека во периодот меѓу 1946 и 1949 година жалителот бил прогонуван на политичка основа. Судот, следствено на тоа, ја уважил неговата жалба и му доделил надомест на штета предвиден во Законодавната уредба бр. 118/1990.
13. Како дел од својата одбрана во тие постапки, Министерството за внатрешни работи достави до судот допис од 19 декември 1990 година кој бил испратен до Министерството од Романската разузнавачка служба (Serviciul Român de Informaţii – „РРС“). Дописот бил со следнава содржина:
„Како одговор на вашиот допис од 11 декември 1990 година, ви ги проследуваме резултатите од нашите проверки врз лицето Aurel Rotaru, кој живее во Bârlad:
(а) за време на неговите студии на Факултетот за науки на Универзитетот во Iaşi, гореспоменатото лице било член на Христијанското студентско здружение на, еден вид на „легионерско“[2] движење.
(б) во 1946 година тој се обратил до Управата за цензурирање во округот Vaslui за да му биде издадена дозвола да објави два памфлета со наслов „Студентска душа“ и „Протести“, но неговото барање било одбиено поради анти-владини ставови изнесени во нив;
(в) бил член на подмладокот на Националната селанска партија, што може да се утврди од изјавата која тој ја дал во 1948 година;
(г) нема криминално досие и, спротивно на она што тврди тој, не бил лишен од слобода во периодот што се споменува;
(д) во периодот 1946 - 1948 година, бил повикан од страна на безбедносните служби на неколку наврати, поради неговите идеи и бил испрашуван за неговите ставови ...“
В. Постапка за надомест на штета против РРС
14. Жалителот повел постапка против РРС, наведувајќи дека тој никогаш не бил член на романското легионерско движење, дека тој не бил студент на Факултетот за науки на Универзитетот во Iaşi, туку на Правниот факултет и дека некои од другите информации обезбедени од страна на РРС во дописот од 19 декември 1990 година биле лажни и клеветнички. Врз основа на одредбите од Граѓанскиот законик во врска со одговорностa при сторен прекршок, тој побарал надомест на штета од РРС за нематеријалната штета која ја претрпел. Тој, исто така, барал да се издаде наредба, без притоа да се повика на некоја посебна законска одредба, со која РРС треба да го измени или да го уништи досието во кое биле содржани информации за неговото наводно легионерско минатото.
15. Во пресудата од 6 јануари 1993 година, Првостепениот суд во Букурешт го отфрлил барањето на жалителот со образложение дека законските одредби за одговорност при сторен прекршок не овозможуваат тоа да биде дозволено.
16. Жалителот изјавил жалба.
17. На 18 јануари 1994 година, Окружниот суд во Букурешт утврдил дека информацијата дека жалителот бил легионер била лажна. Сепак, ја одбил жалбата со образложение дека РРС не може да се смета за несовесна служба поради тоа што РРС е само депозитар на оспорената информација, и дека, во отсуство на невнимание, правилата за одговорност при сторен прекршок не се применуваат. Судот истакнал дека информациите биле собрани од страна на безбедносните служби на државата, кои, кога биле распуштени во 1949 година, ги проследиле до Securitate (Оддел за државна безбедност), кој, од своја страна, ги проследил до РРС во 1990 година.
18. На 15 декември 1994 година, Апелациониот суд во Букурешт ја одбил жалбата на жалителот во врска со пресудата од 18 јануари 1994 година, врз основа на следново:
„... Судот утврди дека жалбата на жалителот е неоснована. Како законски депозитар на архивите на поранешните државни безбедносни служби, РРС, во допис бр. 705567/1990, достави до Министерството за внатрешни работи информации во врска со активностите на жалителот додека тој бил студент, во согласност со тоа што било утврдено од страна на државните безбедносни служби. Оттука, очигледно е дека судските органи немаат надлежност да ги уништат или изменат информациите во дописот напишан од страна на РРС, која е само депозитар на архивите на поранешните државни безбедносни служби. Со одвивање на неговата жалба, судските органи не го прекршиле ниту член 1 од Уставот, ниту член 3 од Граѓанскиот законик, туку ја воделе постапката во согласност со законските правила утврдени со Законот за парнична постапка.“
Г. Постапка за надомест на штета против судиите
19. На 13 јуни 1995 година жалителот повел постапка за надомест на штета против сите судии кои ја одбиле неговата жалба за изменување или уништување на досието. Тој ја засновал својата постапка на член 3 од Граѓанскиот законик, во врска со негирањето на правдата, и член 6 од Конвенцијата. Според жалителот, и Окружниот суд и Апелациониот суд во Vaslui одбиле да ја заведат неговата постапка.
Во врска со ова, жалителот поднел нова жалба до Комисијата на 5 август 1998 година, која била заведена под број на досие 46597/98 и во моментов истата е во постапка пред судот.
Д. Барање за ревизија
20. Во јуни 1997 година, Министерот за правда го информираше Директорот на РРС дека Европската комисија за човекови права ја прогласила оваа жалба на жалителот за допуштена. Следствено, Министерот побара од Директорот на РРС да се провери уште еднаш дали жалителот бил член на легионерското движење и, ако таа информација се покаже како лажна, да го извести жалителот за тој факт, така што тој потоа би можел да се повика на фактот во барањето за ревизија.
21. На 6 јули 1997 година, Директорот на РРС го информираше Министерот за правда дека информациите во дописот од 19 декември 1990 година, дека жалителот бил легионер, биле добиени консултирајќи ги нивните архиви, во кои била откриена табела, изготвена од страна на Канцеларијата за безбедност на Iaşi, во која се споменува, во запис 165, некое лице Aurel Rotaru, „студент по науки, член на Христијанското студентско здружение, легионер“. Директорот на РРС наведува дека табелата била со датум од 15 февруари 1937 година и притоа го изрази своето мислење дека „со оглед на тоа што г. Rotaru на тој датум имал само 16 години, не можел да биде студент на Факултетот за науки. [Оттука,] сметаме дека, за жал, направена е грешка која не наведе да претпоставиме дека г. Aurel Rotaru од Bârlad е истата личност со онаа што се појавува во таа табела како член на легионерската организација. Деталните проверки спроведени од страна на нашата институција во окрузите Iaşi и Vaslui не дадоа никакви други информации со кои ќе се потврди дека двете имиња се однесуваат на една иста личност.“
22. Копија од тој допис беше испратена до жалителот, кој на 25 јули 1997 година изјавил жалба до Апелациониот суд во Букурешт со барање да ја преиспита својата одлука од 15 декември 1994 година. Во неговата жалба, тој побарал декларација дека клеветничките документи се ништовни и неважечки, штети во висина од еден леј во поглед на нематеријална штета и надомест на сите трошоци и издатоци направени од почетокот на постапката, прилагодени на инфлацијата.
23. РРС се произнесе дека барањето за ревизија треба да биде отфрлено, тврдејќи дека, врз основа на дописот на Директор на РРС од 6 јули 1997 година, жалбата ја изгубила својата првична цел.
24. Во конечната одлука од 25 ноември 1997 година, Апелациониот суд во Букурешт ја укинал одлуката од 15 декември 1994 година и ја уважил постапката на жалителот, врз основа на следново:
„Се чини од дописот бр. 4173 од 5 јули 1997 година од Романската разузнавачка служба ... дека во архивите (број на полица 53172, том 796, стр. 243) има табела во која се наведени имињата на членовите на легионерските организации кои не живеат во Iaşi, запис 165 кој го содржи следново: „Rotaru Aurel - студент по науки, член на Христијанското студентско здружение, легионер“. Поради тоа што тогаш кога таа табела била изготвена жалителот имал едвај 16 години, на 15 февруари 1937 година, и поради тоа што тој не ги посетувал предавањата на Факултетот за науки во Iaşi, и поради тоа што е утврдено од последователните проверки на документите во кои се дадени списоците со имиња на членовите на легионерските организации, името „Aurel Rotaru“ се чини дека не се поврзува со лицето кое живее во Bârlad чии лични податоци се совпаѓаат со оние на жалителот, Романската разузнавачка служба смета дека, за жал, грешка е направена и дека лицето споменато во табелата не е жалителот.
Имајќи го предвид овој допис, Судот смета дека ги задоволува барањата од член 322-5 од Законот за парнична постапка каков што е, за целосно изменување на претходно утврдените факти. Документот содржи детали кои не било можно да се обезбедат во некоја претходна фаза во постапката од причини надвор од контрола на жалителот.
Оттука, датумот на кој Securitate бил формиран и начинот на кој поранешните безбедносни служби биле организирани не се релевантни фактори. Слично на тоа, фактот, иако вистинит, дека Романската разузнавачка служба е само депозитар на архивите на поранешните безбедносни служби, не е релевантен. Она што е важно е фактот дека дописот бр. 705567 од 19 декември 1990 година од Романската разузнавачка служба (Воена единица бр. 05007) содржи детали кои не се однесуваат на жалителот, така што информациите во тој допис се лажни во однос на него и, ако и понатаму се чуваат истите, сериозно би му наштетиле на неговото достоинство и чест.
Врз основа на горенаведеното и во согласност со претходнонаведените законски одредби, барањето за ревизија е оправдано и мора да биде дозволено. Оттука следува дека претходните одлуки во овој случај мора да бидат отфрлени и дека поднесената постапката на жалителот се уважува.“
25. Судот не издаде никаква наредба за надомест на штети или трошоци.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ЗАКОНОДАВСТВО
А. Устав
26. Релевантни одредби од Уставот се следниве:
Член 20
„(1) Уставните одредби за правата и слободите на граѓаните се толкуваат и применуваат во согласност со Универзалната декларација за човекови права, договорите и другите спогодби чиј потписник е Романија.
(2) Во случај на судир меѓу договорите и спогодбите за основните човекови права чиј потписник е Романија, како и домашното законодавство, ќе преовладаат меѓународните инструменти.“
Член 21
„(1) Секој може да поднесе барање до судовите за заштита на неговите права, слободи и легитимни интереси.
(2) Примената на ова право не смее да биде ограничена со ниту еден закон.“
Б. Граѓански законик
27. Релевантни одредби од Граѓанскиот законик се следниве:
Член 3
„Судија кој одбива да суди, под изговор дека законот е недоречен, нејасен или непотполн, може да се гони под обвинение за негирање на правдата.“
Член 998
„За секое дело сторено од страна на лице кое предизвикува штета на друго лице, лицето со чија вина била предизвикана штетата ќе се смета за одговорно да ја надомести направената штета.“
Член 999
„Лицето ќе биде одговорно за штетата што ја предизвикало не само со вршењето на неговото дело, туку и со неговото непостапување или неговата небрежност.“
В. Закон на парнична постапка
28. Релевантна одредба од Законот на парнична постапка е следнава:
Член 322-5
„Може да се достави барање за ревизија на конечната одлука ... во која писмените докази кои биле затаени од страна на спротивната страна или кои било невозможно да се обезбедат од причини надвор од контрола на страните, се откриени по изрекувањето на одлуката ...“
Г. Уредба бр. 31 од 1954 година за физички и правни лица
29. Релевантните одредби од Уредбата бр. 31 од 1954 година за физички и правни лица гласат:
Член 54
„(1) Секој чие право ... на чест, углед ... или било кое друго неекономско право е повредено може да поднесе барање до судовите за издавање на судски налог со кој ќе се забрани делото со кое се кршат претходноспоменатите права.
(2) Слично на тоа, секој кој бил жртва на таков вид на повреда на правата може да побара од судовите да му наредат на лицето одговорно за незаконското дело да ја спроведе онаа мерка која судот ја смета за неопходна со цел да ги поврати неговите права.“
Член 55
„Ако лицето одговорно за незаконско дело, во временски рамки дозволени од страна на судот, не го изврши она што му е наложено да го направи со цел да ги поврати повредените права, судот може да го казни да плаќа периодична парична казна на Државата ...“
Д. Законодавна уредба бр. 118 од 30 март 1990 година за доделување одредени права на лицата кои биле прогонувани на политичка основа од страна на диктаторскиот режим воспоставен на 6 март 1945 година
30. Во тоа време, релевантните одредби од Законодавната уредба бр. 118/1990 гласеле:
Член 1
„Следните периоди се земаат предвид при одредување на стажот и како такви се користат за целите на пресметување на пензија и други права кои произлегуваат од стажот: периодите кога лицето, по 6 март 1945 година, од политички причини -
(а) служело условна казна изречена во конечна судска одлука или било притворено во очекување на судската постапка за политички кривични дела;
... “
Член 5
„Комисија составена од претседател и најмногу шест други членови се формира во секој округ ... со цел да се провери дали барањата утврдени во член 1 се исполнети. ...
Претседателот мора да е правно квалификуван. Комисијата вклучува двајца претставници од управите за вработување и социјална политика, и најмногу четири претставници од здружението на поранешните политички притвореници и жртви на диктатурата.
...“
Член 6
„Засегнатите лица можат да докажат дека ги исполнуваат условите утврдени во член 1 со помош на официјалните документи издадени од надлежните органи или ... било кој друг материјал со доказна вредност.
...
Член 11
„Одредбите на оваа Уредба нема да се применуваат за лица кои биле осудени за злосторства против човештвото или за оние лица за кои е утврдено, преку постапката наведена во членовите 5 и 6, дека биле ангажирани во фашистички активности во рамките на фашистичката организација.“
Ѓ. Закон бр. 14 од 24 февруари 1992 година за организацијата и работата на Романската разузнавачка служба
31. Релевантни одредби од Законот бр. 14 од 24 февруари 1992 година за организацијата и работата на Романската разузнавачка служба, објавен во Службен весник на 3 март 1992 година, се следниве:
Дел 2
„Романската разузнавачка служба е организирана и ги спроведува сите активности чија цел е прибирање, проверка и користење на информации кои се потребни за откривање, спречување и обесхрабрување на какви било дејствија кои, според законот, претставуваат закана за националната безбедност на Романија.“
Дел 8
„Романската разузнавачка служба е овластена да ги чува и користи сите соодветни ресурси со цел да ги обезбеди, потврди, класификува и складира информациите кои влијаат на националната безбедност, во согласност со она што е предвидено со закон.“
Дел 45
„Сите интерни документи на Романската разузнавачка служба се тајни, се чуваат во сопствените архиви и може да се консултираат само со согласност на директорот, во согласност со она што е предвидено со закон.
Документите, податоците и информациите кои и припаѓаат на Романската разузнавачка служба нема да бидат објавени четириесет години по нивното архивирање.
Романската разузнавачка служба, за да ги чува и да ги користи, ги презема сите национално-безбедносни архиви кои им припаѓале на поранешните разузнавачки служби кои работеле на територијата на Романија.
Национално-безбедносни архивите на поранешниот Оддел за државна безбедност Securitate нема да бидат јавни четириесет години по датумот на донесувањето на овој Закон.“
Е. Закон бр. 187 од 20 октомври 1999 година за пристап на граѓаните до личните досиеја водени за нив од страна на Securitate, донесен со намера да се открие природата на таа организација како политичка полициска сила
32. Релевантни одредби од Законот бр. 187 од 20 октомври 1999 година, кој стапи во сила на 9 декември 1999 година, се следниве:
Дел 1
„(1) Сите романски државјани, и сите странци кои добиле романско државјанство од 1945 година, имаат право на увид во досиејата водени за нив од страна на органите на Securitate ... Ова право се применува по барање и овозможува проверка на самото досие и добивање на копии од сите документи содржани во него или во врска со неговата содржина.
(2) Покрај тоа, секое лице кое е предмет на одредено досие од кои се чини дека тој или таа бил под надзор од страна на Securitate има право, по барање, да го знае идентитетот на агентите и соработниците на Securitate кои обезбедиле документи за во досието.
(3) Освен ако не е поинаку предвидено со закон, правата предвидени во под-деловите (1) и (2) се достапни за преживеаните сопружници и роднини до второ колено на починатото лице.“
Дел 2
„(1) Со цел да се обезбеди правото на пристап до информации од јавен интерес, сите романски државјани ..., медиумите, политичките партии ... имаат право да бидат информирани ... ако било кое од лицата поставени на следниве позиции или кои сакаат да бидат поставени на тие позиции биле агенти или соработници на Securitate:
(а) Претседател на Романија;
(б) член на Парламентот или на Сенатот; ...“
Дел 7
„Национален совет за проучување на архивите на Securitate ... (во натамошниот текст „Советот“), со седиште во Букурешт, се формира со цел одредбите од овој закон да се применат.
Советот е автономен орган со правен карактер и подлежи на надзор од страна на Парламентот. ... “
Дел 8
„Советот е составен од колегиум од единаесет членови.
Членовите на колегиумот на Советот се именуваат од страна на Парламентот, на предлог на пратеничките групи, во согласност со политичкиот состав на двата дома ... со мандат од шест години, со можност за само еден реизбор. “
Дел 13
„(1) Корисниците на овој закон можат, во согласност со дел 1 (1), да побараат од Советот -
(а) да им се дозволи да ги консултираат досиејата ... направени од страна на Securitate до 22 декември 1989 година;
(б) да им се издадат копии од ... овие досиеја ...;
(в) да им се издадат потврди за нивно членување или нечленување во Securitate и за нивна соработка или несоработка со службата;
...“
Дел 14
„(1) Содржината на потврдите во согласност со дел 13 (1)(в) може да биде оспорена пред колегиумот на Советот ...“
Дел 15
„(1) Правото на пристап до информации од јавен интерес се применува со барање испратено до Советот. ...
...
(4) Како одговор на барањата упатени во согласност со дел 1, Советот ќе ги провери доказите на располагање, во која било форма, и веднаш ќе издаде потврда ...“
Дел 16
„(1) Секој корисник или лице за кое е побарана проверка може да ја оспори пред колегиумот на Советот потврдата издадена во согласност со дел 15. ...
Одлуката на групата може да биде оспорена ... во Апелациониот суд ...“
ПРАВО
I. ПРЕЛИМИНАРНИ ПРИГОВОРИ НА ВЛАДАТА
А. Статусот на жалителот како жртва
33. Како примарен поднесок, Владата изјави - како што направи и пред Комисијата - дека жалителот повеќе не може да тврди дека е „жртва“ на повреда на Конвенцијата во рамките на значењето на член 34. Владата истакна дека жалителот го добил својот случај во Апелациониот суд во Букурешт, поради тоа што тој суд, во својата пресуда од 25 ноември 1997 година, ги прогласил за ништовни и неважечки деталите содржани во дописот од 19 декември 1990 година од Романската разузнавачка служба (Serviciul Român de Informaţii – „РРС“), а според мислењето на Владата, единствената повреда на правата на жалителот произлегува од тој допис.
Во секој случај, Владата понатаму наведе, дека на жалителот сега му е достапна постапката која се воведува со Законот бр. 187 од 20 октомври 1999 година, која му ги нуди сите гаранции кои ги бара Конвенцијата за заштита на неговите права.
34. Жалителот побарал од судот да продолжи со разгледување на случајот. Тој тврдел дека околностите кои довеле до поднесување на жалбата не биле коренито променети по одлуката од 25 ноември 1997 година. Најпрво, самиот факт на признавање, по одлуката на Комисијата за допуштеност, дека била направена грешка, не може да ја достигне висината на соодветниот надомест за повредите на Конвенцијата. Второ, тој и натаму немал пристап до неговото тајно досие, кое не само што се чувало од страна на РРС, туку исто така и се користило од службата. Следствено на тоа, не треба да се изостави дека, дури и по одлуката од 25 ноември 1997 година, РРС можеби ги користела информациите дека жалителот наводно бил легионер, како и сите други информации содржани во неговото досие.
35. Судот повтори, што се однесува до концептот на жртва, дека поединецот може, под одредени услови, да тврди дека е жртва на повреда предизвикана од самото постоење на тајни мерки или на законодавството кое дозволува примена на тајни мерки, без притоа да мора да потврди дека таквите мерки всушност биле применети врз него (види ја пресудата за случајот Klass и други против Германија од 6 септември 1978 година, Серија А, бр. 28, стр. 18-19, § 34). Покрај тоа, „одлука или мерка во корист на жалителот во принцип не е доволна за да го лиши лицето од неговиот статус на „жртва“ освен ако националните судови признаат, експлицитно или во основа, а потоа понудат надомест за повредата на Конвенцијата“ (види ја пресудата за случајот Amuur против Франција од 25 јуни 1996 година, Извештаи за пресуди и одлуки 1996-III, стр. 846, § 36, и Dalban против Романија [GC], бр. 28114/95, § 44, EСЧП 1999-VI).
36. Во овој конкретен случај, Судот забележа дека жалителот изјавил жалба поради водењето на таен регистар кој содржел информации за него, чие постоење било јавно објавено во текот на судската постапка. Судот смета дека тој може, на таа основа, да тврди дека е жртва на повреда на Конвенцијата.
Судот исто така забележа дека во пресудата од 25 ноември 1997 година, Апелациониот суд во Букурешт утврдил дека деталите наведени во дописот од 19 декември 1990 година во врска со наводниот факт дека жалителот бил легионер се лажни, поради тоа што информациите најверојатно се однесуваат на некое друго лице со исто име, и ги прогласи истите за ништовни и неважечки.
Претпоставувајќи дека може да се смета дека со таа пресуда, до одреден степен, му се доделува на жалителот надомест за постоењето на информации во неговото досие кои се докажа дека биле лажни, Судот е на мислење дека таквиот надомест е само делумен и дека во секој случај е недоволен според судската пракса за да му се одземе на лицето неговиот статус на жртва. Покрај горенаведените размислувања за тоа дека лицето е жртва како резултат на водењето на тајно досие, Судот посебно укажува на следниве фактори.
Информацијата дека жалителот наводно бил легионер очигледно се уште е евидентирана во досиејата на РРС, а пресудата од 25 ноември 1997 година не се споменува во тоа досие. Покрај тоа, Апелациониот суд не дал никакво мислење – а и не бил овластен да го стори тоа – во врска со фактот дека РРС била овластена врз основа на романското законодавство да чува и користи досиеја отворени од страна на поранешните разузнавачки служби, кои содржеле информации за жалителот. Главниот приговор поднесен до Судот од страна на жалителот бил дека домашното законодавство не го утврдува со доволна прецизност начинот на кој РРС мора да ја спроведува својата работа и дека не им обезбедува на граѓаните ефикасен правен лек пред националните судови.
На крајот, Апелациониот суд во Букурешт, во својата пресуда од 25 ноември 1997 година, не донесе одлука во врска со барањето на жалителот за надомест на нематеријалната штета и за трошоците и издатоците.
37. Што се однесува до Законот бр. 187 од 20 октомври 1999 година, на кој се повикува Владата, Судот смета, имајќи ги предвид околностите на овој случај, дека тој закон не е релевантен (види став 71 подолу).
38. Судот заклучи дека жалителот може да тврди дека е „жртва“ за целите на член 34 од Конвенцијата. Оттука, приговорот мора да биде отфрлен.
Б. Исцрпување на домашните правни лекови
39. Владата, исто така, наведе дека жалбата е недопуштена заради неуспехот да се искористат домашните правни лекови. Владата тврди дека жалителот имал лек кој тој не го употребил, имено, тоа е постапка врз основа на Уредбата бр. 31/1954 за физички и правни лица, врз основа на која, судот може да нареди примена на било која мерка со цел да се спречи повреда на угледот на едно лице.
40. Судот забележа дека постои тесна врска меѓу аргументот на Владата за ова пташање и основаноста на приговорите поднесени од страна на жалителот врз основа на член 13 од Конвенцијата. Следствено на тоа, судот го спојува овој приговор со основаноста (види став 70 подолу).
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
41. Жалителот изјави жалба дека РРС води и во секој момент може да употреби информации во врска со неговиот приватен живот, дел од кои биле лажни и клеветнички. Тој наведува повреда на член 8 од Конвенцијата, кој предвидува:
„1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, на неговиот дом и кореспонденција.
2. Не е дозволено мешање од страна на јавен орган при остварувањето на ова право, освен ако тоа е во согласност со законот и е неопходно во едно демократско општество во интерес на националната безбедност, јавната безбедност или економската благосостојба на земјата, за спречување на немири или вршење на кривични дела, за заштита на здравјето и моралот, или за заштита на правата и слободите на другите лица.“
А. Применливост на член 8
42. Владата негира дека член 8 бил применлив, тврдејќи дека информациите во дописот на РРС од 19 декември 1990 година не се однесувале на приватниот живот на жалителот туку на неговиот јавен живот. Со одлуката да биде вклучен во политички активности и да објави памфлети, жалителот имплицитно се откажал од неговото право на „анонимност“ што е својствено за приватниот живот. Што се однесува до неговото испрашување од страна на полицијата и неговото криминално досие, тоа се информации од јавен карактер.
43. Судот повтори дека складирањето на информации во врска со приватниот живот на едно лице во таен регистар и обелоденувањето на таквите информации спаѓаат во рамките на опсегот на член 8 § 1 (види ја пресудата за случајот Leander против Шведска од 26 март 1987 година, Серија А, бр. 116, стр. 22, § 48).
Исто така, почитувањето на приватниот живот мора, до одреден степен, да го вклучи и правото за воспоставување и развој на односи со други луѓе: освен тоа, не постои причина да се оправда исклучувањето на активностите од професионален или деловен карактер од поимот „приватен живот“ (види ја пресудата за случајот Niemietz против Германија од 16 декември 1992 година, Серија А, бр. 251-Б, стр. 33-34, § 29, и пресудата за случајот Halford против Обединетото Кралство од 25 јуни 1997 година, Извештаи 1997-III, стр. 1015-1016, § § 42-46).
Судот веќе ја истакна сличноста на ова широко толкување со она на Конвенцијата на Советот на Европа од 28 јануари 1981 година за заштита на поединците во поглед на автоматската обработка на лични податоци, која стапи на сила на 1 октомври 1985 година, чија цел е „да осигура ... за секој поединец ... почитување на неговите права и основни слободи, а посебно неговото право на приватност во поглед на автоматската обработка на личните податоци кои се однесуваат на тоа лице“ (член 1), таквите лични податоци се дефинирани во член 2 како „ информации кои се однесуваат на идентификуван поединец или поединец кој може да се идентификува“ (види Amann против Швајцарија [GC], бр. 27798/95, § 65, EСЧП 2000-II).
Покрај тоа, информациите од јавен карактер може да спаѓаат во рамките на доменот на приватен живот, пришто истите систематски се собираат и складираат во досиеја кои се водат од страна на органите. Ова посебно важи за оние информации кои се однесуваат на далечното минато на едно лице.
44. Во овој конкретен случај, Судот забележа дека дописот на РРС од 19 декември 1990 година содржел најразлични информации за животот на жалителот, поточно за неговите студии, неговите политички активности и неговото криминално досие, од кои некои биле собрани од пред повеќе од педесет години. Според мислењето на Судот, таквите информации, доколку систематски се собираат и чуваат во едно досие кое го водат државните агенти, спаѓаат во рамките на доменот на „приватен живот“ за целите на член 8 § 1 од Конвенцијата. Ова особено важи во овој конкретен случај, поради тоа што некои од информациите се прогласени за лажни и постои веројатност да му наштетат на угледот на жалителот.
Следствено на тоа, член 8 е применлив.
Б. Усогласеност со член 8
1. Дали имало мешање
45. Во поднесокот на Владата, три услови мора да бидат исполнети пред да може да се каже дека имало мешање во правото на почитување на приватниот живот: мора да се чуваат информации за лицето, тие информации мора да биле искористени и мора да било невозможно лицето да ги побие истите. Во овој конкретен случај, како и да е, чувањето, како и користењето на информациите кои се однесуваат на жалителот се случило пред Романија да ја ратификува Конвенцијата. Што се однесува до наводната неможност да се побијат информациите, Владата изјави дека, напротив, постоела можност жалителот да ги побие лажните информации, но дека тој не ги употребил соодветните правни лекови.
46. Судот истакна дека чувањето на информации од страна на јавен орган во врска со приватниот живот на едно лице, како и нивната употреба и одбивањето да се даде можност истите да се побијат претставува мешање во правото на почитување на приватниот живот гарантирано со Член 8 § 1 од Конвенцијата (види ги следните пресуди: Leander - цитиран погоре, стр. 22, § 48; Kopp против Швајцарија, од 25 март 1998 година, Извештаи 1998-II, стр. 540, § 53; и Amann - цитиран погоре, § § 69 и 80).
Во овој конкретен случај, јасно е од дописот на РРС од 19 декември 1990 година дека РРС чувала информации во врска со приватниот живот на жалителот. Иако тој допис, очигледно, е со датум пред влегувањето во сила на Конвенцијата во Романија, а тоа е 20 јуни 1994 година, Владата не изјави дека РРС престанала да чува информации во врска со приватниот живот на жалителот по тој датум. Исто така, Судот забележа дека некои од информациите биле користени и по тој датум, како на пример, во врска со барањето за ревизија, што доведе до одлуката од 25 ноември 1997 година.
Чувањето и користењето на тие информации, како и одбивањето да му се даде можност на жалителот да ги побие истите, претставува мешање во правото на почитување на неговиот приватен живот гарантирано со член 8 § 1.
2. Оправдување на мешањето
47. Клучното прашање кое се поставува е дали мешањето, онакво какво што е утврдено, е оправдано во согласност со став 2 од член 8. Тој став, поради тоа што предвидува исклучок од правото гарантирано со Конвенцијата, треба да се толкува ограничено. Иако Судот призна дека постоењето на разузнавачки служби во едно демократско општество е легитимно, повтори дека овластувањата за таен надзор врз граѓаните се прифатливи според Конвенцијата само доколку тоа е строго неопходно за заштита на демократските институции (види ја пресудата за случајот Klass и други, цитиран погоре, стр. 21, § 42).
48. Ако не е спротивно на член 8, таквото мешање мора да биде „во согласност со законот“, мора да има легитимна цел во согласност со став 2 и, уште повеќе, да биде неопходно во едно демократско општество за да се постигне таа цел.
49. Владата смета дека мерките за кои станува збор биле во согласност со законот. Информациите за кои станува збор биле откриени од страна на РРС во врска со постапката предвидена во Законодавната уредба бр. 118/ 1990, која има за цел да им додели надомест на штетата која ја претрпеле лицата прогонувани од страна на комунистичкиот режим. Врз основа на член 11 од таа Законодавна уредба, мерка за надомест на штета не може да се додели на лица кои биле ангажирани во фашистички активности.
50. Во поднесокот на жалителот, чувањето и користењето на досието за него не биле во согласност со законот, бидејќи домашното законодавство не било доволно прецизно за да им укаже на граѓаните во какви околности и под кои услови јавните органи се овластени да поднесуваат информации за нивниот приватен живот и да ги користат истите. Домашното законодавство, исто така, не го дефинира со доволна прецизност начинот на остварување на таквите овластувања и не предвидува никакви гаранции од злоупотреби.
51. Комисијата смета дека домашното законодавство не ги дефинира со доволна прецизност околностите во кои РРС може да архивира, обелоденува и користи информации во врска со приватниот живот на жалителот.
52. Судот ја повтори својата утврдена судска пракса, според која изразот „во согласност со законот“ не само што бара оспорената мерка да има основа во домашното законодавство, туку, исто така, се однесува и на квалитетот на законот во прашање, барајќи истиот да биде достапен за лицето, како и неговите ефекти да бидат предвидливи (види, како најнов, Amann, цитиран погоре, § 50).
53. Во овој конкретен случај, Судот забележа дека член 6 од Законодавната уредба бр. 118/1990, на која се повикува Владата како основа за оспорената мерка, му дава можност на секој поединец да докаже дека ги задоволува барањата за да му бидат доделени одредени права, со помош на официјални документи издадени од страна на надлежните органи или било кој друг материјал со доказна вредност. Сепак, со одредбата не се утврдува начинот на кој таквите докази може да се добијат и не му дава никакво овластување на РРС да собира, чува или открива информации во врска со приватниот живот на лицето.
Затоа, Судот мора да утврди дали Законот бр. 14/1992 за организацијата и работата на РРС, на кој исто така се повикува Владата, може да обезбеди правна основа за овие мерки. Во врска со ова, забележа дека предметниот закон го овластува РРС да собира, чува и користи информации кои влијаат на националната безбедност. Судот изрази сомнеж во врска со релевантноста на информациите кои се чуваат за жалителот во однос на националната безбедност. Како и да е, Судот повтори дека првенствено националните органи, особено судовите, треба да го толкуваат и применуваат домашното законодавство (види ја пресудата за случајот Kopp, цитиран погоре, стр. 541, § 59) и забележа дека, во својата пресуда од 25 ноември 1997 година, Апелациониот суд во Букурешт потврдил дека е законски РРС да чува вакви информации како депозитар на архивите на поранешните безбедносни служби.
Оттука, Судот може да заклучи дека чувањето на информации во врска со приватниот живот на жалителот има основа во романското законодавство.
54. Што се однесува до достапноста на законите, Судот смета дека тој услов е исполнет, од причина што Законот бр. 14/1992 е објавен во Службениот весник на Романија на 3 март 1992 година.
55. Што се однесува до барањето за предвидливост, Судот повтори дека едно правило е „предвидливо“ доколку истото е формулирано со доволна прецизност со цел да му се овозможи на секој поединец - ако е потребно со соодветен совет - да го регулира своето однесување. Судот ја истакна важноста на овој концепт во однос на тајниот надзор на следниов начин (види ја пресудата за случајот Malone против Обединетото Кралство од 2 август 1984 година, Серија А, бр. 82, стр. 32, § 67, повторена во Amann цитиран погоре, § 56):
„Судот го повтори своето мислење дека изразот „во согласност со законот“ не се однесува само на домашното законодавство, туку, исто така, се однесува и на квалитетот на „законот“, кој треба да биде компатибилен со владеењето на правото, што експлицитно се наведува во преамбулата на Конвенцијата ... Изразот, оттука, значи - а тоа произлегува од предметот и целта на член 8 - дека мора да постои мерка во домашното законодавство за правна заштита од произволно мешање од страна на јавните органи во правата гарантирани во став 1 ... Особено кога овластувањата на извршната власт се остваруваат во тајност, опасноста од произволност е очигледна ...
... Поради тоа што спроведувањето во пракса на мерките за тајно следење на комуникациите не подлежи на контрола од страна на засегнатите поединци или од страна на пошироката јавност, би било спротивно на владеењето на правото, правната дискреција доделена на извршната власт да се изрази во смисла на неограничена моќ. Како резултат на тоа, законот мора да го утврди обемот на таквата дискреција доделена на надлежните органи и начинот на примена на таквата дискреција со доволно јасност, имајќи ја предвид легитимната цел на оваа мерка, која, за поединецот, предвидува соодветна заштита од произволно вмешување.“
56. „Квалитетот“ на повиканите законски правила во овој случај мора да биде внимателно разгледан, со цел, конкретно, да се утврди дали домашното законодавство ги утврдува со доволна прецизност околностите во кои РРС може да чува и користи информации во врска со приватниот живот на жалителот.
57. Судот забележа, во врска со ова, дека дел 8 од Законот бр. 14/1992 предвидува дека информациите кои влијаат на националната безбедност може да се собираат, евидентираат и архивираат во тајни досиеја.
Ниту една одредба од домашното законодавство, сепак, не ги утврдува ограничувањата при извршувањето на тие овластувања. Оттука, на пример, гореспоменатиот Закон не го дефинира видот на информации кои може да се евидентираат, потоа, категориите на лица врз кои може да се применат мерките за надзор, какви што се собирање и чување на информации, околностите во кои таквите мерки може да се преземат или која постапка треба да се следи. Слично на ова, Законот не утврдува ограничувања за староста на информациите кои се чуваат, ниту за должината на временскиот период во кој истите може да се чуваат.
Дел 45 од Законот го овластува РРС да ги преземе на чување и користење архивите кои им припаѓале на поранешните разузнавачки служби кои работеле на територијата на Романија и предвидува можност за проверка на документите на РРС со согласност на Директорот.
Судот забележа дека овој дел не содржи експлицитна, детална одредба во врска со лицата кои се овластени да ги консултираат досиејата, природата на досиејата, постапката која треба да се следи или за користењето на информациите добиени на тој начин.
58. Исто така, Судот забележа дека, иако дел 2 од Законот ги овластува надлежните органи да одобрат вмешување кое е неопходно за да се спречат и отстранат заканите по националната безбедност, основата за одобрување на таквото вмешување не е утврдена со доволна прецизност.
59. Судот, исто така, мора да биде убеден дека постојат соодветни и ефикасни заштитни мерки против злоупотреба, поради тоа што системот за таен надзор кој има за цел да ја заштити националната безбедност ја вклучува опасноста од поткопување, па дури и уништување на демократијата врз основа на нејзината одбрана (види ја пресудата за случајот Klass и други, цитиран погоре, стр. 23-24, § § 49-50).
За да бидат системите за таен надзор компатибилни со член 8 од Конвенцијата, тие мора да содржат гаранции утврдени со закон кои се применуваат за надзор на активностите на соодветните служби. Постапките за надзор мора да ги следат вредностите на демократското општество што е можно поверодостојно, особено владеењето на правото, што е изречно наведено во Преамбулата на Конвенцијата. Владеењето на правото подразбира, меѓу другото, дека мешањето на извршната власт во правата на поединецот треба да биде предмет на ефикасен надзор, кој вообичаено треба да се врши од страна на судството, барем како последно средство, од причини што судската контрола нуди најдобри гаранции на независност, непристрасност и правилна постапка (види ја пресудата за случајот Klass и други, цитиран погоре, стр. 25-26, § 55).
60. Во овој конкретен случај, Судот забележа дека романскиот систем за собирање и архивирање на информации не дава такви гаранции, ниту пак е предвидена постапка за надзор во Законот бр. 14/1992, без оглед на тоа дали додека изречената мерка е на сила или потоа.
61. Оттука, Судот смета дека домашното законодавство не ги утврдува со разумна јасност обемот и начинот на остварување на релевантната дискреција која им е доделена на јавните органи.
62. Судот заклучи дека чувањето и користењето на информации во врска со приватниот живот на жалителот од страна на РРС не биле „во согласност со законот“, факт кој е доволен за да се утврди повреда на член 8. Исто така, во овој конкретен случај, тој факт го спречува Судот да ја ревидира легитимноста на целта на изречените мерки и да утврди дали истите биле - претпоставувајќи дека целта е легитимна – „неопходни во едно демократско општество“.
63. Следствено на тоа, постои повреда на член 8.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 13 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
64. Жалителот изјави жалба дека непостоењто на било каков правен лек пред домашните судови кои би можеле да донесат одлука во врска со неговото барање за уништување на досието кое содржело информации за него и измена на неточните информации, исто така, е спротивно на член 13, кој предвидува:
„Секое лице, чии права и слободи утврдени со Конвенцијата се повредени, ќе има ефикасен правен лек пред домашните судови, без оглед на тоа што повредата била сторена од лица кои вршеле службена должност.“
65. Владата тврди дека жалителот бил обесштетен со пресудата од 25 ноември 1997 година, во која деталите содржани во дописот на РРС од 19 декември 1990 година беа прогласени за ништовни и неважечки. Што се однесува до уништувањето или измената на информациите во досието кое се води од страна на РРС, Владата смета дека жалителот не го избрал соодветниот правен лек. Тој можел да поведе постапка врз основа на Уредбата бр. 31 од 1954 година, член 54 § 2, со кој се овластува судот да изрече мерки за да се поврати повреденото право, во овој конкретен случај, правото на жалителот на чест и углед.
Владата, понатаму, истакна дека жалителот сега може да се потпре на одредбите на Законот бр. 187 од 1999 година, да изврши увид во досието отворено за него од страна на Securitate. Според деловите 15 и 16 од овој Закон, жалителот може да ја оспори пред судот вистината на информациите содржани во неговото досие.
66. Според мислењето на Комисијата, Владата не успеа да покаже дека во романското законодавство постои правен лек кој е ефикасен во пракса, како и законски, кој ќе му овозможи на жалителот да изјави жалба за повреда на член 8 од Конвенцијата.
67. Судот повтори дека постојано го толкува член 13 на начин дека е потребен правен лек во домашното законодавство само во однос на жалбите кои може да се сметаат за „спорни“ во смисла на Конвенцијата (види, на пример, Çakıcı против Турција [GC], бр. 23657/94, § 112, ЕСЧП 1999-IV). Член 13 гарантира достапност на правен лек на национално ниво за спроведување на суштината на правата и слободите предвидени со Конвенцијата во било која форма во која може да бидат обезбедени во домашниот правен поредок. Затоа, овој член бара да се обезбеди домашен правен лек кој ќе му овозможи на „надлежниот национален орган“ да се справи со суштината на релевантниот приговор кон Конвенцијата и да даде соодветна помош, иако на договорните држави им се доделува одредена дискреција во однос на начинот на кој тие се придржуваат кон нивната обврска во согласност со оваа одредба. Правниот лек мора да биде „ефикасен“ во пракса, но и законски (види Wille против Лихтенштајн [GC], бр. 28396/95, § 75, ЕСЧП 1999-VII).
68. Судот забележа дека жалбата на жалителот во врска со тоа што РРС чува информации во врска со неговиот приватен живот за цели на архивирање и користење, спротивно на член 8 од Конвенцијата, е несомнено „спорна“. Оттука, тој има право на ефикасен домашен правен лек во рамките на значењето на член 13 од Конвенцијата.
69. „Органот“ наведен во член 13 не мора во сите случаи да биде судски орган во строга смисла на зборот. Сепак, овластувањата и процедуралните гаранции кои ги поседува еден орган се од значење при утврдувањето дали правниот лек кој е на располагање е ефикасен (види ја пресудата за случајот Klass и други, цитиран погоре, стр. 30, § 67).
Понатаму, кога станува збор за таен надзор, објективна надзорна машинерија може да биде доволна само ако мерките се тајни. Во оној момент кога мерките ќе бидат обелоденети, правните лекови мора да бидат достапни за поединецот (ibid., стр. 31, § § 70-71).
70. Во овој конкретен случај, Владата изјави дека жалителот можел да поведе постапка врз основа на член 54 од Уредбата бр. 31/1954. Според мислењето на Судот, тој поднесок не може да се прифати.
Прво, истакна дека член 54 од Уредбата предвидува општа постапка пред судовите, со цел да се заштитат нематеријалните права кои биле незаконски прекршени. Апелациониот суд во Букурешт, сепак, наведува во својата пресуда од 25 ноември 1997 година дека РРС е овластена, со домашното законодавство, да чува информации во врска со жалителот кои произлегуваат од досиејата на поранешните разузнавачки служби.
Второ, Владата не утврди постоење на домашна одлука со која би се воспоставила судска пракса за ваквите прашање. Оттука, не се покажа дека таквиот правен лек би бил ефикасен. Затоа, овој прелиминарен приговор од страна на Владата мора да биде отфрлен.
71. Што се однесува до машинеријата предвидена во Законот бр. 187/ 1999, под претпоставка дека предвидениот Совет е формиран, Судот забележа дека ниту одредбите на кои се повикува обвинетата Влада, ниту која било друга одредба од тој закон, не овозможуваат да се оспори чувањето, од страна на државните агенти, на информации во врска со приватниот живот на едно лице или вистинитоста на таквите информации. Надзорната машинерија утврдена во деловите 15 и 16 се однесува само на откривање на информации во врска со идентитетот на некои од соработниците и агентите на Securitate.
72. Судот не е информиран за било која друга одредба од романското законодавство што би овозможила да се оспори чувањето, од страна на разузнавачките служби, на информации во врска со приватниот живот на жалителот или да се побие вистинитоста на таквите информации.
73. Врз основа на тоа, Судот заклучи дека жалителот бил жртва на повреда на член 13.
IV. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 6 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
74. Жалителот изјави жалба дека одбивањето од страна на судовите да ги разгледаат неговите барања за надомест на трошоци и штети е повреда на неговото право за правично судење, што е спротивно на член 6 од Конвенцијата, кој предвидува:
„При утврдувањето на неговите граѓански права и обврски ... секој има право на ... сослушување ... од страна на ... трибунал ...“
75. Владата, во врска со ова, не се произнесе.
76. Комисијата одлучи да ја разгледа жалбата врз основа на поопштата обврска, која им се наметнува на државите со член 13, и да понуди ефикасен правен лек кој ќе овозможи да се изјават жалби за повреди на Конвенцијата.
77. Судот забележа дека, покрај жалбата, разгледана погоре, не постои правен лек со кој може да се поднесе барање за измена или уништување на досие кое содржи информации за него, жалителот, исто така, изјави жалба дека Апелациониот суд во Букурешт, иако законски го уважил барање за надомест на штета и трошоци, не донел одлука за ова прашање во својата пресуда за ревизија од 25 ноември 1997 година.
78. Нема сомнение дека барањето на жалителот за надомест на нематеријална штета и трошоци е граѓанско право во рамките на значењето на член 6 § 1, а Апелациониот суд во Букурешт имал надлежност да постапува (види ја пресудата за случајот Robins против Обединетото Кралство од 23 септември 1997 година, Извештаи 1997-V, стр. 1809, § 29).
Судот, соодветно на тоа, смета дека е неуспех на Апелациониот суд што не увидел дека со барањето е повредено правото на жалителот на правично судење во рамките на значењето на член 6 § 1 (види ја пресудата за случајот Ruiz Torija против Шпанија од 9 декември 1994 година, Серија А, бр. 303. - А, стр. 12-13, § 30).
79. Оттука, исто така, постои повреда на член 6 § 1 од Конвенцијата.
V. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
80. Жалителот барал правичен надомест на штета врз основа на член 41 од Конвенцијата, кој предвидува:
„Кога Судот ќе оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на протоколите, и доколку внатрешното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумна репарација на штетата, тогаш Судот, доколку е потребно, ќе му додели правична отштета на оштетениот.“
А. Штета
81. Жалителот побарал 20.000.000.000 романски леи (ROL) како надомест за нематеријална штета предизвикана од губењето на неговиот углед што се поврзува со јавното откривање на лажни и клеветнички информации за него и со одбивањето од страна на органите кое траело неколку години да ја признаат грешката и истата да ја поправат.
82. Владата се спротивстави на ова барање, кое го смета за неразумно, особено поради фактот што жалителот не го покренал истото пред домашните судови.
83. Судот се повика на својата утврдена судска пракса дека самиот факт што жалителот не го покренал неговото барање за надомест на штета пред домашниот суд не бара судот да ги отфрли тие барања како неосновани повеќе отколку да ги смета истите за пречка за нивната прифатливост (види ја пресудата за случајот De Wilde, Ooms и Versyp против Белгија од 10 март 1972 година (член 50), Серија А, бр. 14, стр. 9-10, § 20). Понатаму, Судот забележа во овој конкретен случај, спротивно на она што го изјави Владата, дека жалителот побарал надомест на штета пред домашните судови за нематеријалната штета што претрпел, во форма на симболична исплата во износ од 1 романски леј, барање по кое романските судови не постапувале.
Се наведува, понатаму, дека Апелациониот суд во Букурешт ги прогласил наводните клеветнички информации за ништовни и неважечки, со што делумно било исполнето барањето на жалителот. Сепак, Судот смета дека жалителот, всушност, мора да претрпел нематеријална штета, земајќи го предвид постоењето на систем на тајни досиеја што е спротивно на член 8, недостатокот на ефикасен правен лек, недостатокот на правично судење, а исто така и на фактот дека неколку години поминале пред судот да утврди дека има надлежност да ги прогласи клеветничките информации за ништовни и неважечки.
Според тоа, Судот смета дека настаните за кои станува збор претставуваат сериозно мешање во правата на г. Rotaru и дека сумата од 50.000 француски франци (FRF) нуди правичен надомест за претрпената нематеријална штета. Тој износ треба да се конвертира во романски леи по стапка применлива на денот на исплатата.
Б. Трошоци и издатоци
84. Жалителот побарал надомест на штета во висина од 38.000.000 романски леи (ROL) (13.450 француски франци (FRF)), сума која тој ја поделил на следниов начин:
(а) 30.000.000 романски леи (ROL) за трошоци направени во рамките на домашните постапки, вклучувајќи и 20.000.000 романски леи (ROL) за патни трошоци и дневници за неговите посети на Iaşi и Букурешт и 10.000.000 романски леи (ROL) за дополнителни трошоци (таксени марки, телефонски повици, фотокопирање, итн);
(б) 8.000.000 романски леи (ROL) за трошоци направени во рамките на институциите предвидени со Конвенцијата, вклучувајќи и 6.000.000 романски леи (ROL) за превод и секретарски трошоци, 1.000.000 романски леи (ROL) за патни трошоци на релација меѓу Bârlad и Букурешт и 1.000.000 романски леи (ROL) за француска виза за синот на жалителот.
85. Владата смета дека сумата е прекумерно висока, особено поради тоа што жалителот, според нив, барал пресуда во сите домашни постапки.
86. Судот повтори дека со цел трошоците да бидат вклучени во надоместокот врз основа на член 41 од Конвенцијата, Судот мора да утврди дека истите биле вистински и неопходно направени и разумни по обем (види, меѓу другото, Николова против Бугарија [GC], бр. 31195/96, § 79, EСЧП 1999-II). Во врска со ова, треба да се запомни дека Судот може да му додели на жалителот надомест не само за трошоците направени пред институциите во Стразбур, туку, исто така, и за оние трошоци направени пред националните судови со цел спречување или надомест на штета за повреда на Конвенцијата утврдена од страна на Судот (види Van Geyseghem против Белгија [GC], бр. 26103/95, § 45, EСЧП 1999-I).
87. Судот забележа дека жалителот не бил застапуван пред домашните судови, дека тој го застапувал својот случај пред Комисијата и дека во постапката пред Судот тој бил застапуван на рочиштата. Судот, исто така забележа дека Советот на Европа му исплатил на г. Rotaru износ во висина од 9,759.72 француски франци (FRF) како правна помош.
Судот му го додели полниот износ побаран од страна на жалителот, односно 13.450 француски франци (FRF), износ намален за веќе исплатената сума од страна на Советот на Европа како правна помош. Износот е конвертиран во романски леи по стапка применлива на денот на исплатата.
В. Затезна камата
88. Судот смета дека е соодветно да ја усвои законската каматна стапка применлива во Франција на денот на донесување на оваа конкретна пресуда, односно 2,74% годишно.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Го отфрли, едногласно, прелиминарниот приговор на Владата дека жалителот повеќе не бил жртва;
2. Се согласи, едногласно, со основаноста на прелиминарниот приговор на Владата во врска со неуспехот да се искористат домашните правни лекови и го отфрли истиот едногласно по разгледување на основаноста;
3. Смета, со шеснаесет гласа спрема еден, дека имало повреда на член 8 од Конвенцијата;
4. Смета, едногласно, дека имало повреда на член 13 од Конвенцијата;
5. Смета, едногласно, дека имало повреда на член 6 § 1 од Конвенцијата;
6. Смета, едногласно,
(а) дека обвинетата држава треба да му исплати на жалителот, во рок од три месеци, 50.000 FRF (педесет илјади француски франци) за нематеријална штета и 13.450 FRF (тринаесет илјади и четиристорини и педесет француски франци) за трошоци и издатоци, износ намален за 9,759.72 FRF (девет илјади седумстотини педесет и девет француски франци и седумдесет и два центи), конвертиран во романски леи по стапка применлива на денот на исплатата;
(б) дека затезната камата со годишна стапка од 2,74% ќе се исплатува по истекот на гореспоменатите три месеци се до исплатата;
7. Го отфрли, едногласно, останатиот дел од барањето на жалителот за правичен надомест на штета.
Изготвена на англиски и француски јазик, а изреката на пресудата е дадена на јавна расправа во Зградата на човекови права, Стразбур, на 4 мај 2000 година.
Luzius WILDHABER
Претседател
Michele DE SALVIA
Секретар
Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, следниве посебни мислењата се приложени кон оваа пресуда:
(а) Усогласено мислење на г. Wildhaber кон кое се придружуваат и г. Makarczyk, г. Türmen, г. Costa, г-ѓа Tulkens, г. Casadevall и г-ѓа Weber;
(б) Усогласено мислење на г. Lorenzen;
(в) Делумно издвоено мислење на г. Bonello.
L.W.
M. de S.
УСОГЛАСЕНО МИСЛЕЊЕ НА СУДИЈАТА WILDHABER
КОН КОЕ СЕ ПРИДРУЖУВААТ СУДИИТЕ MAKARCZYK, TÜRMEN, COSTA, TULKENS, CASADEVALL И WEBER
Во овој конкретен случај, жалителот изјавил жалба заради повреда на неговото право на почитување на неговиот приватен живот поради чување и користење, од страна на Романската разузнавачка служба (РРС), на досие кое содржело лични информации, кои датирале главно од периодот 1946 – 1948 година. Еден посебен запис во досието наведува дека во 1937 година, тој, за време на неговите студии (кога жалителот всушност имал едвај 16 години), бил член на „легионерско“ движење, т.е. на екстремно десничарско, националистичко, анти-семитско и паравоено движење. Информациите содржани во овој запис, кои биле обелоденети во дописот од Министерството за внатрешни работи кон крајот на 1990 година, биле прогласени за лажни во 1997 година од страна на Апелациониот суд во Букурешт. Сепак, очигледно е дека информациите сè уште се евидентирани во досиејата на РРС, додека пресудата од 1997 година не се споменува во тоа досие. Исто така, не бил доделен надомест на штети или трошоци. Постапката за надомест на штета против РРС била отфрлена во 1994 година. Се чини дека романското законодавство се уште не овозможува да се оспори чувањето, од страна на РРС, на информации во врска со приватниот живот на жалителот, или да се побие вистинитоста на таквите информации, или да се побара таквите информации да бидат уништени.
Наспроти ова, нашиот Суд утврди повреда на членовите 8, 13 и 6 § 1. Во согласност со својата утврдена судска пракса (види ја пресудата за случајот Malone против Обединетото Кралство од 2 август 1984 година, Серија А, бр. 82, стр. 36 и 38-39, § § 80 и 87-88; пресудата за случајот Kruslin и Huvig против Франција од 24 април 1990 година, Серија А, бр. 176-А, стр. 24-25, § § 36-37, и 176-Б, стр. 56-57, § § 35-36; пресудата за случајот Halford против Обединето Кралство од 25 јуни 1997 година, Извештаи за пресуди и одлуки 1997-III, стр. 1017, § 51; пресудата за случајот Kopp против Швајцарија од 25 март 1998 година, Извештаи 1998-II, стр. 543, § § 75-76; и Amann против Швајцарија [GC], бр. 27798/95, § § 61-62 и 77-81, EСЧП 2000-II), Судот смета дека правилата од домашното законодавство, под услов таквите информации да влијаат на националната безбедност може да се собираат, евидентираат и архивираат во тајни досиеја, не нудат доволен степен на предвидливост. Оттука, чувањето и користењето од страна на РРС на информации во врска со приватниот живот на жалителот не се „во согласност со законот“, така што член 8 е повреден. Јас, во целост се согласувам со она што го утврди Судот.
Сепак, би сакал да додадам дека во овој конкретен случај - без оглед на адекватноста на правната основа – сериозно се сомневам дали мешањето во правата на жалителот води до легитимната цел во согласност со член 8 § 2. Покрај тоа, не се сомневам во моето расудување дека мешањето не било неопходно во едно демократско општество.
Што се однесува до легитимната цел, Судот, како и секогаш, е подготвен да прифати дека целта идентификувана од страна на Владата е легитимна само ако спаѓа во една од категориите наведени во став 2 на членовите од 8 до 11. Сепак, според моето мислење, во поглед на националната безбедност, како и во однос на другите цели, мора да има барем разумна и вистинска врска меѓу наведената цел и мерките на мешање во приватниот живот за целта да се смета легитимна. Упатувањето на повеќе или помалку недискриминирачкото складирање на информации во врска со приватниот живот на поединците во смисла на зачувување на легитимните интереси за националната безбедност е, според мене, очигледно проблематично.
Во случајот Rotaru, податоците собрани во рамките на поранешниот режим на незаконит и произволен начин, во врска со активностите на едно момче и студент, враќајќи се назад повеќе од педесет години, а во еден случај дури шеесет и три години, некои од информациите се покажаа како лажни, и натаму се чуваат во досие без соодветна и ефикасна заштита од нивна злоупотреба. Не треба овој Суд да каже дали овие информации треба да бидат уништени или дали треба да се гарантираат сеопфатни права на пристап и исправка, или дали било кој друг систем би бил во согласност со Конвенцијата. Но, тешко е да се утврди кој легитимен интерес за националната безбедност може да даде оправдување за континуираното складирање на такви информации во вакви околности. Затоа, сметам дека Судот би имал право да утврди дека оспорената мерка во овој конкретен случај не води до легитимната цел во рамките на значењето на член 8 § 2.
Со ваквото тврдење немаше да биде потребно да се утврди дали мерката за која станува збор е неопходна во едно демократско општество, затоа што таквата проверка зависи од постоењето на легитимна цел. Ако, пак, Судот претпочитал да прифати постоење на легитимна цел за националната безбедност, тогаш би потсетил дека државите не уживаат неограничено дискреционо право да изложат поединци на таен надзор или систем на тајни досиеја. Интересот на државата при заштитата на нејзината национална безбедност мора да биде урамнотежен со сериозноста на мешањето во правото на жалителот на почитување на неговиот или нејзиниот приватен живот. Нашиот суд постојано нагласува „опасност дека системот на таен надзор за целите за заштита на националната безбедност наметнува поткопување па дури и уништување на демократијата на основа на нејзина одбрана“ (види ја пресудата за случајот Leander против Шведска од 26 март 1987 година, Серија А, бр. 116, стр. 25, § 60; види ja исто така пресудата за случајот Klass и други против Германија од 6 септември 1978 година, Серија А, бр. 28, стр. 21 и 23, § § 42 и 49, и, mutatis mutandis, пресудата за случајот Chahal против Обединетото Кралство од 15 ноември 1996 година, Извештаи 1996-V, стр. 1866-1867, § 131, и пресудата за случајот Tinnelly & Sons Ltd и други и McElduff и други против Обединетото Кралство од 10 јули 1998 година, Извештаи 1998-IV, стр. 1662-1663, § 77). Ова е причината зошто Судот мора да биде убеден дека тајното следење на граѓаните е строго неопходно заради заштита на демократските институции и дека постојат соодветни и ефикасни гаранции од злоупотреба.
Во сите околности на овој случај и во однос на она што е кажано погоре, а во врска со легитимната цел, мора да се заклучи дека мешањето во прашање не било ниту од далеку неопходно во едно демократско општество за постигнување на целта во врска со националната безбедност.
Накусо, дури и ако постоела предвидлива правна основа во случајот Rotaru, нашиот Суд сепак би требало да утврди повреда на член 8, врз основа на тоа дека немало легитимна цел за продолжување на примената на систем на тајни досиеја кои можат да бидат злоупотребени, или поради тоа што таквото продолжување на примената очигледно не било неопходно во едно демократско општество.
УСОГЛАСЕНО МИСЛЕЊЕ НА СУДИЈАТА LORENZEN
Во овој случај, јас гласав за заклучоците на мнозинството, како и за причините за истите. Сепак, ова не значи дека јас не се согласувам во суштина со она што е изнесено во усогласеното мислење на судијата Wildhaber во врска со другите услови од член 8 § 2. Причината зошто не се приклучив кон тоа мислење е само поради тоа што Судот постојано тврди дека ако мешањето во правата според член 8 не е „во согласност со законот“, не е потребно да се испита дали другите услови од член 8 § 2 се исполнети. Сметам дека е важно да се задржи таквата судска пракса.
ДЕЛУМНО ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ НА СУДИЈАТА BONELLO
1. Мнозинството утврди повреда на член 8, сметајќи дека неговите одредби се применливи за фактите на овој конкретен случај. Јас гласав исто како и мнозинство при утврдувањето на други повреди на Конвенцијата, но не можам да ја оправдам применливоста на член 8.
2. Член 8 го штити приватниот живот на поединецот. Во основата на таа заштита лежи правото на секое лице да има повеќе интимни сегменти од своето битие кои се исклучени од јавна недискреција и контрола. Постојат резервирани зони во нашата личност и во нашиот дух кои Конвенцијата бара да останат затворени. Нелегитимно е да иследуваат, чуваат, класифицираат или обелоденуваат податоци кои се однесуваат на оние најскриени сфери на активност, ориентација или убедување, скриени зад ѕидовите на доверливост.
3. Од друга страна, активностите кои се, по својата природа, јавни и кои всушност се напојуваат од публицитетот, се надвор од заштитата на член 8.
4. Тајните податоци чувани од страна на службите за државна безбедност кои жалителот побарал да ги види, во суштина, се однесуваат на: (а) активното членство на некој Aurel Rotaru во некое политичко движење, (б) неговото барање да објави два политички памфлети, (в) неговата припадност во младинското движење на една политичка партија, и (г) фактот дека тој немал криминално досие (види став 13 од пресудата).
5. Првите три елементи на информацијата се однесуваат исклучиво на јавна дејност. Посебно јавниот, а јас би додал, доколку политичкиот и издавачкиот активизам бара, и зависи од, максимален публицитет за свое постоење и успех. Во евиденцијата не се наведува дека жалителот гласал за некоја одредена политичка партија - што, се разбира, би било напад на неговата зона на доверливост со забранет пристап. Во евиденцијата, во суштина, е забележано како Aurel Rotaru јавно ја манифестирал неговата јавна борбеност во некои јавни организации.
6. На каков начин чувањето на евиденција во врска со еминентно јавната дејност на поединецот го повредува неговото право на приватност? До сега Судот тврдеше, според моето мислење, со сигурност, дека заштитата од член 8 се проширува и на доверливи прашања, како што се медицински и здравствени податоци, сексуална активност и ориентација, семејни врски и, можеби, професионални и деловни односи и други интимни области во кои јавниот упад би бил неоправдано нарушување на природните бариери на личноста. Јавниот активизам во јавните политички партии, претпоставувам, има малку заедничко со разумот што ја подига заштитата на приватноста на ниво на основно човеково право.
7. Четвртиот елемент содржан во досието на жалителот се однесува на една забелешка дека тој немал криминално досие. Судот дури утврди дека тоа е повреда на правото на приватност на жалителот. Судот истакна дека белешките на безбедносните служби (вклучувајќи и некои информации кои биле стари повеќе од педесет години) го содржеле криминално досие на жалителот, и заклучи дека „таквите информации, доколку систематски се собираат и чуваат во едно досие кое го водат државните агенти, спаѓаат во рамките на доменот на „приватен живот“ за целите на член 8 § 1 од Конвенцијата“ (види став 44 од пресудата).
8. Ова, според моето мислење, излегува опасно надвор од доменот на член 8. Да се истакне дека водењето на криминално досие за едно лице од страна на полициските органи (дури, како и во овој случај, ако се докаже дека лицето нема криминално минато) се повикува на член 8, може да има застрашувачко далекусежни последици vis-à-vis „интересите на националната безбедност, јавната безбедност, како и за спречување на немири или вршење на кривични дела“ - сите вредности кои член 8 изрично ги штити.
9. Јас би прифатил, иако неволно, дека водењето на криминални досиеја од страна на полицијата можеби може да претставува мешање во правото на приватност, но би побрзал да додадам дека таквото мешање е оправдано во интерес на борбата против криминалот и националната безбедност. Судот не сметаше дека е потребно да го стори тоа.
10. Се разбира, мојата загриженост е само фокусирана на осудата од страна на Судот за водењето на криминални досиеја. Неоправданото и нелегитимно откривање на содржината на овие досиеја може да отвори многу прашања врз основа на член 8.
11. Судот се чини дека придава особено значење на фактот дека „некои од информациите се прогласени за лажни и дека постои веројатност да му наштетат на угледот на жалителот“ (види став 44 од пресудата). Ваквата загриженост отвора две одделни прашања: едно за невистинитоста на информациите, и друго за нивната клеветничка природа.
12. Некои од податоците во безбедносното досие на жалителот, всушност се однесуваат на друго лице со исто име како жалителот, а не на него. Оттука, несомнено, таа информација, според жалителот, се смета за „лажна“. Но дали невистинитоста која се однесува на прашања од јавен домен ја претвора таа информација од јавен карактер во приватен податок? Едноставно, не ја сфаќам логиката која стои зад ваквите расудувања.
13. Повторно, јас немам никаков проблем да признаам дека „лажните“ податоци во врска со жалителот, кои се чуваат од страна на безбедносните служби, најверојатно би му наштетиле на неговиот углед. Колебливо, Судот се чини дека подоцна започнал да размислува во насока на тоа дека прашањето за „угледот“ исто така може да се разгледува во согласност со член 8[3]. Отворањето на член 8 за овие нови перспективи ќе воведе дополнителна возбудлива димензија за заштитата на човековите права. Но, Судот, според моето мислење, требаше да се справи со оваа реформа најнапред, а не истата да ја остави настрана, речиси да ја прикрие, како нејасна повреда на правото на приватност.
14. Ако јас ги споделував ставовите на мнозинството дека правото на приватност исто така ги штити во голема мера јавните податоци, тогаш, јас би продолжил во насока да се утврди повреда на член 8, бидејќи јас во целост се согласувам со заклучокот на Судот дека чувањето и користењето од страна на безбедносните сили на информации кои се однесуваат на жалителот не е „во согласност со законот“ (види ги ставовите 57-63 од пресудата).
[1] Забелешка на Секретарот. Протоколот бр. 11 стапи на сила на 1 ноември 1998 година.
[2] Тоа значи припадност кон Легијата на Архангел Михаил, екстремно десничарско, националистичко, анти-семитско и паравоено романско движење формирано во 1927 година како дисидентско движење од движењето со слични тенденции, Лигата за христијанска национална одбрана. Од легионерското движење се изродиле голем број на политички партии кои влијаеле на романската политика во текот на 1930-тите и 1940-тите години.
[3] Види ја пресудата за случајот Fayed против Обединетото Кралство од 21 септември 1994 година, Серија А, бр. 294-B, стр. 50-51, § 66-68, и пресудата за случајот Niemietz против Германија од 16 декември 1992 година, Серија А, бр. 251-Б, стр. 35-36, § 37.
Full & Egal Universal Law Academy