Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПЕТТА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА РУСЛАН ЈАКОВЕНКО против УКРАИНА
(Жалба бр. 5425/11)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
4 јуни 2015 год.
КОНЕЧНА ВЕРЗИЈА
04/09/2015
Оваа пресуда стана правосилна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија.
Во случајот на Руслан Јаковенко против Украина,
Европскиот суд за човекови права (Петтата секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:
Марк Вилигер (Mark Villiger), претседател,
Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič),
Гана Јудкивска (GannaYudkivska),
Винсент А. де Гаетано (Vincent A. de Gaetano),
Андре Потоцки (André Potocki),
Алеш Пејчал (Aleš Pejchal), судии,
и Милан Блашко, заменик секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 21 април 2015 година,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлезе од жалба (бр. 5425/11) против Украина поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на украинскиот државјанин, г-нот Руслан Анатолијович Јаковенко („жалителот“) на 17 јануари 2011 година.
2. Жалителот беше застапуван од г-динот О.В. Левитскиј, адвокат со пракса во Киев. Украинската Влада („Владата“) беше застапувана од нивниот тогашен агент, г-динот Назар Кулчицкиј.
3. Жалителот се жалеше на незаконитоста на неговото притворување и повредата на неговото право на жалба во рамките на кривичната постапка.
4. На 12 декември 2012 г. Владата беше информирана за жалбата.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителот е роден во 1979 година и живее во Короливка, регионот на Киев.
6. На 12 јули 2010 г. Судот во градот Била Церква („Судот на Била Церква“) го прогласил жалителот за виновен за нанесување на тешки телесни повреди на одреден г-дин Н. на 12 мај 2006 г. Иако овој вид на кривично дело било казниво со пет до осум години казна затвор, судот сметал дека било можно да примени поблага казна во случајот на жалителот. Тој особено го зел во предвид фактот дека тој ја признал вината и покажал каење. Соодветно на тоа судот го осудил жалителот на четири години и седум месеци казна затвор. Тој исто така одлучил да го вклучи во отслужениот дел од казната на жалителот и периодот од 20 октомври 2005 г. до 3 мај 2006 (шест месеци и четиринаесет дена), период што го поминал во притвор во контекст на друг кривичен случај. Конечно, судот нотирал дека при одредувањето на казната на жалителот го зел во предвид фактот дека тој „поминал повеќе од четири години во притвор, каде условите биле значително полоши отколку во затворот за осуденици, и претходните пресуди против него со ова биле укинати.“ Нема дополнителни информации за гореспоменатиот претходен притвор на жалителот, или за други кривични случаи против него или за укинати пресуди.
7. Во оперативниот дел од својата пресуда, Судот на Била Церква исто така пресудил да го задржи жалителот во притвор во установата за притвор (СИЗО) како превентивна мерка додека чекал на правосилноста на пресудата. Понатаму забележал дека против пресудата можела да се поднесе жалба во рок од петнаесет дена од датумот на нејзиното објавување.
8. На 15 јули 2010 г. истекла казната на жалителот, и тој побарал од управата на СИЗО да го ослободи. Неговото барање било одбиено. Меѓутоа истиот ден управата на СИЗО поднела барање до Судот на Била Церква за одобрение да го ослободи жалителот во врска со мерката за спречување на негово бегство, со оглед дека ја отслужил својата затворска казна во целост. Немало одговор.
9. На 19 јули 2010 г. адвокатот на жалителот повторно поднел барање со управата на СИЗО за жалителот веднаш да биде ослободен. Тој конкретно поднел дека немало основ неговиот клиент да остане во затвор. Копија од тоа писмо исто така била испратена до Регионалното обвинителство на Киев.
10. На 27 јули 2010 г. истекол рокот од петнаесет дена за поднесување на жалби против пресудата од 12 јули 2010 г., и во отсуство на жалби, таа станала правосилна.
11. Истиот ден управата на СИЗО испратила допис до адвокатот на жалителот дека не можеле да го ослободат жалителот сè додека не се сменела превентивната мерка против него или додека пресудата не станела правосилна. Било забележано во дописот дека во секој случај Судот на Била Церква требал да го одобри ослободувањето на жалителот.
12. На 29 јули 2010 г., кога СИЗО го добил налогот на судот да ја изврши конечната пресуда, жалителот бил ослободен.
13. На 5 август 2010 г, Државниот оддел за затвори му пишал на адвокатот на жалителот како одговор на претставките во врска со одлагањето на ослободувањето на жалителот, дека немало повреда на Законот за кривична постапка.
II. РЕЛЕВАНТНОТО ДОМАШНО ПРАВО ВО МАТЕРИЈАЛНОТО ВРЕМЕ
А. Законот за кривична постапка (1960)
14. Членот 148 ја утврдува целта и основите за примена на превентивни мерки. Во него се вели конкретно дека превентивната мерка требала да се изрече кога постоел доволен основ за да се верува дека осомничениот, обвинетиот, оптужениот или осудениот ќе се обиде да избега или нема да се придржува на процедуралните одлуки, или да го попречи утврдувањето на вистината во случајот или да извршува кривични активности.
15. Во фазата на судските постапка едно затворено лице може да биде ослободено само врз основа на одлука на судија или суд (член 165). Како што исто така е стипулирано во членот 165, превентивната мерка требала да биде повлечена или изменета доколку немало потреба за мерката што претходно била применета или за каква било превентивни мерки воопшто.
16. Иако за време на претпретресна истрага притвореното лице требало да биде ослободено веднаш од страна на управата на дадената установа за притвор доколку периодот за неговиот притвор истекол и ако не е добиена судска одлука за продолжување на истиот до тој момент (член 156 in fine), таква одредба не постоела во однос на модалитетите за ослободување на притвореното лице во фаза на судска постапка.
17. Членот 274 се занимава со примената, повлекувањето или промената на превентивната мерка од страна на судот. Тој го обврзува судот да се води од дадените одредби на Поглавјето 13 („Превентивна мерка“ – членовите 148 до 165-3).
18. Членот 324 бара судот што ја одредува казната пред сè за превентивната мерка да се примени за осуденик кој чека пресудата да стане правосилна.
19. Членот 343 ја повторува во суштина горенаведената одредба и дополнително специфицира дека судот може да изрече притвор за осуденикот што е лишен од слобода како превентивна мерка само врз основите што се предвидени во важните одредби на Глава 13.
20. Членот 358 ги наведува прашањата, кои апелациониот суд би можел да ги земе во предвид на подготвителното рочиште. Конкретно може да одлучи да ја смени, повлече или примени превентивната мерка што му е изречена на осуденикот.
21. Согласно членот 401, пресудата ќе стапи на сила доколку не е оспорена со жалба во утврдениот рок (петнаесет дена – член 349). Доколку е поднесена жалба, пресуда што ќе стане правосилна откако случајот ќе биде разгледан од апелациониот суд (освен ако не биде укината). Ослободителната пресуда или пресудата со која се повлекува казната треба да се спроведе веднаш, додека пресудата со која се прогласува за виновен требала да се спроведе во моментот кога ќе стане правосилна. Членот 404 уредува дека судот, којшто ја усвоил пресудата, мора да го проследи случајот за спроведување не подоцна од три дена од моментот кога пресудата ќе стане правосилна.
Б. Граѓански законик (2003)
22. Членот 1176 ѝ наметнува на државата обврска „во целост да ја надомести штетата што ја претрпело лицето заради тоа што било незаконски осудено, заради незаконско наметнување на кривична одговорност, незаконска примена на превентивна мерка [или] апсење ... без разлика на вината на службените претставници на телата за распит, претпретресна истрага, обвинителството или судовите“ (став 1). Понатаму се утврдува дека „правото на надоместок за штетата што ја претрпело едно лице заради незаконски дејствија од страна на телото за распит, за претпретресна истрага, обвинителството или судско тело произлегува од случаи предвидени со закон“ (став 2).
В. Законот на Украина за процедурата за надоместок на штета што им е нанесена на граѓани од незаконски дејствија на тела задолжени за оперативен распит, органи за претпретресна истрага, обвинители или судови“ од 1994 година („Закон за надоместок“).
23. Согласно членот 1 едно лице има право на надоместок за штета нанесена пред сè со незаконско осудување, незаконско апсење и притвор. Во наведените случаи штетата требала да биде надоместена без разлика на вината на службените претставници на телата за распит, за претпретресна истрага, обвинителство или судови.
24. Членот 2 ги наведува случаите во кои правото на надоместок е покренато. Тие ги вклучуваат следниве: (1) ослободителна пресуда; (1-1) судска одлука со која се признава, конкретно, незаконитоста на притворот; и (2) прекин на кривичните постапки по основи на недостаток на corpus delicti или затоа што им бил потребен доказ за вината на обвинетиот.
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 § 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
25. Жалителот се жалеше дека неговиот притвор од 15 до 29 јули 2010 г. бил незаконски. Тој се повика на членот 5 § 1 од Конвенцијата којшто во релевантниот дел го вели следново:
„1. Секој човек има право на слобода и безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен во следниве случаи и во согласност со постапка уредена со закон:
(а) ако издржува казна затвор по пресуда на надлежен суд;
...
(в) ако е уапсен или притворен поради приведување пред надлежен судски орган, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело, или кога постојат оправдани причини тоа лице да се спречи да изврши кривично дело, или по извршувањето на кривичното дело да избега;
...”
А. Допуштеност
1. Исцрпување на домашни правни лекови
(а) Изјаснување на странките
26. Владата тврдеше дека жалителот не се придржувал на правилото за исцрпување на домашните правни лекови. Тие забележаа дека навистина неговиот притвор од 15 до 29 јули 2010 година немал основ. Потпирајќи се на членот 1176 на Граѓанскиот законик (види параграф 22 горе) Владата тврдеше дека жалителот можел да бара обесштетување, но дека не го искористил овој правен лек.
27. Жалителот не се согласи. Тој конкретно се изјасни дека за тој правен лек да биде делотворен во неговиот случај, требало да може да се обезбеди тој веднаш да бил ослободен штом ќе истечел рокот на неговата затворска казна. Тој забележа дека тој побарал да биде ослободен од управата на СИЗО и од обвинителството. Меѓутоа управата на СИЗО сметала дека тоа било невозможно додека пресудата не станела правосилна. Што се однесува до обвинителството, тоа не утврдило дека е воопшто потребно да интервенира.
(б) Оценка на Судот
(i) Општите принципи од судската пракса
28. Судот забележува дека правилото за исцрпување на домашните правни лекови се заснова на претпоставката, отсликана во членот 13 од Конвенцијата, со која има блиско сродство, дека домашниот правен систем предвидува делотворен правен лек кој може да се справи со суштината на жалбата согласно Конвенцијата и да обезбеди соодветна помош. На овој начин ова е важен аспект на принципот дека машинеријата за заштита воспоставена од Конвенцијата е супсидијарна на националните системи за заштита на човековите права (види Ananyev and Others v. Russia, nos. 42525/07 and 60800/08, § 93, 10 January 2012, со дополнителни упатувања).
29. Вообичаено се бара жалителот да има само пристап до правни лекови кои се достапни и доволни за да обезбедат обесштетување во однос на наводните повреди. Постоењето на овие правни лекови мора да биде доволно сигурно, не само во теорија туку и во пракса, а доколку ги нема ќе недостасува неопходната пристапност и делотворност. Владата, која тврди дека не биле исцрпени сите правни лекови, е должна да понуди задоволувачки одговори пред Судот во однос на овие прашања, дека правниот лек на кој таа упатува да бил достапен и да можел да обезбеди обесштетување во однос на жалбите на жалителот, и дека нудел разумна шанса за успех. Меѓутоа, откако овој товар за докажување ќе бил задоволен жалителите требале да утврдат дека правниот лек на кој упатила Владата всушност бил искористен или дали од некоја причина бил несоодветен и неделотворен во нивниот случај, или дека таму постоеле посебни околности кои ги ослободувале од условот да го искористат (види, на пример, Melnik v. Ukraine, no. 72286/01, § 67, 28 March 2006).
30. Судот понатаму забележува дека кога се работи за повреда на членот 5 § 1, членот 5 §§ 4 и 5 на Конвенцијата претставува leges speciales во врска со поопштите барања на членот 13 (види Svetoslav Dimitrov v. Bulgaria (dec.), no. 55861/00, 9 May 2006). Соодветно на тоа, со цел да се одлучи дали жалителот требало да го исцрпи домашниот правен лек во однос на својата претставка согласно членот 5 § 1 од Конвенцијата, Судот мора да ја оцени ефективноста на тој правен лек од позиција на гореспоменатите одредби.
(ii) Постоење на превентивен правен лек во согласност со членот 5 § 4
31. Судот забележува дека од денот кога обвинението е потврдено, дури и ако е само од основен суд, обвинетиот се притвора „откако ќе биде осуден од надлежен систем“ во рамките на значењето на членот 5 § 1 (а) (види параграфи 46-51 долу за подетално разгледување на ценетите принципи утврдени во судската пракса на Судот).
32. Судот во својата судска пракса се држи дека во таков случај судската контрола на притворот согласно членот 5 § 4 се смета дека е веќе инкорпорирана во првичната осудителна пресуда и казна. Меѓутоа, секогаш кога ќе се јават нови прашања кои влијаат врз законитоста на таквиот притвор, членот 5 § 4 повторно се применува (види, како неодамнешен извор, Stoichkov v. Bulgaria, no. 9808/02, §§ 64 and 65, 24 March 2005, со дополнителни упатувања)
33. Судот е подготвен да прифати дека во актуелниот случај се појавил нов проблем во врска со законитоста на притворањето на жалителот кога ја одлежал казната затвор, но не бил ослободен. Во таа фаза тој немал можност да покрене судски постапки, со што законитоста на неговото континуирано лишување од слобода би била решена брзо и би било наложено негово ослободување. Значи, случајот повеќе не бил пред основниот суд. Што се однесува до основната жалба, нејзиното разгледување очигледно ќе траело подолго отколку времетраењето на притворот на жалителот (од дванаесет дена) на кој се жалел. Исто така, не е неверојатно дека поднесувањето на жалба ќе вклучело понатамошно продолжување на неговиот притвор како превентивна мерка додека се чека на правосилноста на пресудата. Меѓутоа ова прашање ќе биде анализирано подетално подолу.
34. Што се однесува до жалбите на жалителот до управата на СИЗО и обвинителството, тие органи не биле „суд“ согласно значењето на членот 5 § 4 од Конвенцијата.
35. Следи дека немало никакви делотворни правни лекови за жалителот што требал да ги исцрпи за да се стави крај на наводната повреда на членот 5 § 1.
(iii) Постоење на правен лек за обесштетување во согласност со членот 5 § 5
36. Судот повторува дека членот 5 § 5 е почитуван онаму каде што е можно за да се побара надоместок во однос на лишувањето од слобода во услови спротивни на потставовите 1, 2, 3 или 4 од членот 5 кога лишувањето било изречено или од домашнен орган или од Суд. Ефективното уживање на правото на надоместок гарантирано со членот 5 § 5 мора да се обезбеди со доволен степен на сигурност (види Lobanov v. Russia, no. 16159/03, § 54, 16 October 2008, со дополнителни упатувања).
37. Судот забележува дека во актуелниот случај Владата го ограничила својот приговор на изјава дека притворот на жалителот бил без основа и дека тој можел да бара обесштетување согласно членот 1176 од Граѓанскиот законик. Судот забележува меѓутоа дека споменатата одредба е формулирана на доста општ начин: ниту воспоставува правни предуслови за да се бара надоместок ниту обезбедува посебни механизми или процедури. Наместо тоа, членот 1176 упатува на посебен закон што ги регулира овие прашања. Се чини дека тоа е посебен закон за надоместок, што би требало да важи (види параграфи 23 и 24 горе). Владата не упати на тој закон во своите забелешки. Ниту тие посочуваат која одредба од домашното право всушност била повредена со притворот на жалителот. Владата исто така не успеа да цитира некаква домашната судска пракса во врска со ова. Затоа останува нејасно на кој основ и со примена на кои механизми жалителот можел да го добие судскиот наод на домашно ниво дека неговото притворање било незаконско и можел да бара надоместок за штета во однос на тоа.
38. Во такви околности, Судот не е убеден од аргументот на Владата дека правниот лек што бил посочен од нив бил делотворен и морал да биде исцрпен од жалителот.
(iv) Заклучок
39. Во контекст на претходно кажаното, Судот заклучува дека жалителот на располагање немал никаков домашен правен лек што требал да се исцрпи во однос на неговата жалба согласно членот 5 § 1 од Конвенцијата. Судот затоа го одбива приговорот на Владата во врска со ова.
2. Од друга страна во однос на допуштеноста
40. Судот понатаму забележува дека оваа жалба не е очигледно погрешно заснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 (а) од Конвенцијата. Ниту дека е недопуштена по некој друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена.
Б. Основаност
1. Изјаснување на странките
41. Жалителот се изјасни дека неговиот притвор од 15 до 29 јули 2010 г. бил без основ и согласно тоа спротивен на членот 5 § 1 од Конвенцијата.
42. Во своите забелешки за допуштеноста на оваа жалба (види параграф 26 горе) Владата се согласи со жалителот по оваа точка. Меѓутоа, тие не поднесоа никакви забелешки во однос на основаноста на жалбата.
2. Оценка на Судот
43. Судот смета дека за потребите на својата анализа притворањето на жалителот треба да се подели на два дистинктивни периоди:
(1) од 15 до 27 јули 2010 г., тоа е после објавувањето на пресудата од страна на основниот суд и пред истата да стане правосилна; и
(2) во текот на последователните два дена, од 27 до 29 јули 2010 г., времето за кое властите ги завршиле административните формалности за спроведување на ослободувањето на жалителот откако пресудата на судот станала правосилна.
44. Судот ќе ја испита усогласеноста на секој гореспоменат период на притвор на жалителот со членот 5 § 1 на Конвенцијата посебно.
(а) Притворот на жалителот од 15 до 27 јули 2010 г.
(i) Основи за лишувањето на жалителот од слобода
(а) Општи принципи од судската пракса
45. Судот повторува дека членот 5 го втемелува основното човеково право, имено заштитата на лицето од своеволни мешање на државата во неговото или нејзиното право на слобода. Потставовите (а) до (ѓ) од членот 5 § 1 содржат исцрпна листа на дозволени основи врз кои поединците можат да бидат лишени од својата слобода и ниедно лишување од слобода нема да биде компатибилно со членот 5 § 1, освен ако не потпадне под еден од тие основи (види, меѓу другите извори, Austin and Others v. the United Kingdom [GC], nos. 39692/09, 40713/09 and 41008/09, § 60, 15 March 2012).
46. Судот забележува дека обвинетиот се смета за лишен од слобода „откако ќе биде осуден од надлежен суд“ во рамките на значењето на членот 5 § 1 (a) откако пресудата е изречена од основниот суд дури и кога сè уште не е правосилна и подложи на жалба. Судот одлучи во врска со ова дека фразата „после осудителната пресуда“ не може да се толкува како ограничено на случај со правосилна пресуда, бидејќи ова ќе го исклучи апсењето на осудените лица на рочиштето кои се појавиле на судење, но кои сè уште се на слобода, без разлика на правните лекови кои им се сè уште на располагање (види Wemhoff v. Germany, 27 June 1968, p. 23, § 9, Series A no. 7). Понатаму, лице осудено првостепено и лишено од слобода додека чека решение по жалбата, не може да се смета за притворено заради потребата да се изведе пред надлежен судски орган под разумен сомнеж дека има извршено дело согласно членот 5 § 1 (в) (види, особено, Solmaz v. Turkey, no. 27561/02, § 25, 16 January 2007).
47. Судот постојано изјавува во својата судска пракса дека тој е свесен за важните разлики меѓу договорните земји по прашањето дали едно лице што е првостепено осудено започнало да ја служи затворската казна додека жалбата е сè уште во постапка. Меѓутоа, Судот повторува дека важните гаранции од членот 5 од Конвенцијата не зависат од националното законодавство (види B. v. Austria, 28 March 1990, § 39, Series A no. 175, и Solmaz, цитиран горе, § 26). Оттука дури и ако домашниот закон на земја членка предвидува казната да стане правосилна по завршувањето со сите жалби, притворот завршува согласно Конвенцијата кога ќе се утврди вината и ќе се изрече казна првостепено (види Солмаз, цитиран горе, § 26).
48. На пример, во случајот на Грубиќ против Хрватска жалителот, кој бил осуден на триесет години казна затвор од основниот суд, се жалел на незаконитоста на неколкуте месеци притвор по изрекувањето на првостепената пресуда. Неговиот лишување од слобода во тој временски период сè уште се смета за „притвор“ согласно домашното право. Судот ја разгледа горенаведената жалба од позиција на членот 5 § 1 (a) од Конвенцијата и не утврди никаква индикација на своеволност (бр. 5384/11, §§ 30-45, 30 October 2012).
49. Судот има одлучено во својата судска пракса дека, ако се земе во предвид францускиот текст (condamnation), зборот „пресуда“ за потребите на членот 5 § 1 (а), треба да се разбере дека значи и прогласување за виновен откако тоа било утврдено во согласност со законот дека имало деликт и изрекување на казна или друга мерка која вклучување на лишување од слобода (види Guzzardi v. Italy, 6 November 1980, § 100, Series A no. 39; Van Droogenbroeck v. Belgium, 24 June 1982, § 35, Series A no. 50; и, од поновата судска пракса, Del Río Prada v. Spain [GC], no. 42750/09, § 123, ECHR 2013).
50. Исто така, зборот „по“ во потставот (а) од членот 5 § 1 не значи само дека затворот мора да следи по „пресуда“ во даден момент од времето: дополнително „притворот“ мора да произлезе од „следи и зависи од“ или да се случи „врз основа на“ „пресуда“. На кратко, мора да постои доволно причинско-последична врска меѓу осудителната пресуда и лишувањето од слобода во прашање (види Murray v. the Netherlands, no. 10511/10, § 77, 10 December 2013, со дополнителни упатувања).
51. Оттука Судот претходно има одлучено дека различните форми на превентивен притвор надвор од затворската казна значат лишување од слобода на жалителот „по пресуда од надлежен суд“ (види, на пример, Van Droogenbroeck, цитиран горе, §§ 33-42; M. v. Germany, no. 19359/04, § 96, ECHR 2009; и James, Wells and Lee v. the United Kingdom, nos. 25119/09, 57715/09 and 57877/09, §§ 197-199, 18 September 2012). Ваквиот притвор не беше дел од казната во таквите околности, туку повеќе обезбедено од „друга мерка која вклучува лишување од слобода“ како што е забележано во параграф 49 горе.
(β) Примена на горенаведените принципи во актуелниот случај
52. Судот забележува дека притворот на жалителот во текот на овој период се случил по објавувањето на пресудата во неговиот кривичен случај, но сепак е сметан за „притвор“ согласно домашното законодавство
53. Без разлика на класификацијата на домашно ниво, Судот забележува дека овој период од притворот на жалителот повеќе не потпаѓал под членот 5 § 1 (в) (види, особено, параграф 46 горе). Останува да се види дали бил оправдан согласно потставот (a) од членот 5 § 1 од Конвенцијата, бидејќи ниеден друг потстав од оваа одредба не е во принцип применлив во оваа ситуација.
54. Судот забележува дека пресудата од 12 јули 2010 г. предвидува две посебни мерки кои вклучуваат лишување на жалителот од слобода: најпрво, казна затвор и второ затвор на жалителот како превентивна мерка додека се чека пресудата да стане правосилна. Иако изречената казна требала да заврши три дена подоцна, втората спомената мерка требала да трае најмалку дванаесет дена подолга, со оглед на временското ограничување од петнаесет дена за поднесување на жалби. Во случај да имало жалба, времето поминато во затворот на жалителот ќе траело подолго и ќе зависело од разгледувањето на случајот од страна на апелациониот суд.
55. Соодветно на тоа Судот смета дека затворањето на жалителот за кое се однесува жалбата, иако се случило откако изречената затворска казна целосно ја одлежал, може да се смета за „друга мерка што вклучува лишување од слобода“, што се случило „по пресудата“ согласно значењето на членот 5 § 1 (а).
56. Генерално, Судот заклучува дека овој период од притворот на жалителот потпаѓа под исклучокот утврден во потставот (а) од членот 5 § 1 од Конвенцијата. Меѓутоа останува да се види дали имало придржување на оваа одредба.
(ii) Законитоста на притворот на жалителот во периодот од 15 до 27 јули 2010 година
(а) Општи принципи од судската пракса
57. Судот повторува дека секое лишување од слобода мора, покрај тоа што треба да потпаѓа во рамките на еден од исклучоците утврдени во потставовите (а) до (ѓ) од членот 5 § 1, да биде и „законско“. Кога „законитоста“ на лишувањето од слобода е проблем, вклучително и прашањето дали е следена „процедура пропишана со закон“, Конвенцијата упатува во основа на националното право и ја поставува обврската да се придржува на материјалните и процедуралните правила таму (види, меѓу другите извори, Erkalo v. the Netherlands, 2 September 1998, § 52, Reports of Judgments and Decisions 1998‑VI; и Baranowski v. Poland, no. 28358/95, § 50, ECHR 2000‑III).
58. При проценката дали притворот бил законски, Судот мора исто така да утврди дали домашниот закон е усогласен со Конвенцијата, вклучително и општите принципи изразени или имплицирани таму. „Квалитетот на законот“ подразбира дека кога националниот закон дозволува лишување од слобода, тоа мора да е доволно достапно, прецизно и предвидливо во однос на неговата примена за да се избегнат сите ризици на произволност. Стандардот на „законитост“ поставен со Конвенцијата, бара целиот закон да биде доволно прецизен за да му дозволи на лицето – доколку е потребно, со соодветен совет – да ги предвиди, до степен што би бил разумен во околностите, последиците кои дадено дејствие може да ги предизвика. Кога се работи за лишување од слобода, од суштинска важност е домашниот закон јасно да ги дефинира условите за затворање (види Дел Рио Прада, цитиран горе, § 125, со дополнителни упатувања).
59. Понатаму никакво лишување од слобода кое е своеволно не може да е во согласност со членот 5 § 1, поимот за „своеволност’ во овој контекст оди подалеку од недостаток на усогласеност со националниот закон. Како последица, лишувањето од слобода што е законско согласно домашното право пак може да е своеволно и со тоа спротивно на Конвенцијата (види Mooren v. Germany [GC], no. 11364/03, § 77, 9 July 2009).
60. Судот претходно нема формулирано глобална дефиниција за каков вид на однесување во име на властите може да претставува „своеволноста“ за потребите на членот 5 § 1. Меѓутоа, клучните принципи кои се имаат развиено во зависност од случајот демонстрираат дека природата на своеволноста во контекст на членот 5 варира во одредена мерка во зависност од типот на притвор што се применет (види Saadi v. the United Kingdom [GC], no. 13229/03, § 68, ECHR 2008, и Plesó v. Hungary, no. 41242/08, § 57, 2 October 2012). Еден општ принцип што е утврден во судската пракса на Судот е дека притворот се смета за „своеволен“ кога, покрај придржувањето до националното право имало и елементи на нечесност или измама од страна на властите или кога домашните власти пропуштиле да се обидат да ја примени релевантната законска рамка правилно (види Mooren, цитиран горе, § 78).
61. Понатаму, условот притворот да не биде своеволен значи потреба од однос на пропорционалност меѓу основот на кој се потпира притворот и притворот во прашање (види James, Wells and Lee, цитиран горе, § 195). Опсегот за тестот за пропорционалност да биде применет во даден случај варира во зависност од типот на притворот. Во контекст на притворот согласно членот 5 § 1 (а), Судот генерално е задоволен дека одлуката за изрекување на казна со лишување од слобода и времетраењето на таа казна се прашања повеќе за националните власти, а не толку за овој Суд (види T. v. the United Kingdom [GC], no. 24724/94, § 103, ECHR 2000-I; и Saadi, цитиран горе, § 71). Истовремено при проценувањето дали имало индикации за своеволност во превентивното притворање на жалителите што не претставува дел од казната, но и понатаму потпаѓа под членот 5 § 1 (а), Судот одлучил дека е неопходно да се идентификува целта на нивниот притвор согласно членот 5 § 1 (а) и го примени тестот на пропорционалност (види James, Wells and Lee, цитиран горе, § 205).
(β) Примена на горенаведените принципи во актуелниот случај
62. Судот не гледа никакви индикации дека одлуката на Судот на Била Церква да го задржи жалителот во притвор додека пресудата не стане правосилна била спротивна на домашното право. Исто така правните одредби што можат да се применат се чини дека се јасни и предвидливи. Оттука, постои директно барање од Кривичниот законик на Украина дека судот што ја изрекува казната мора да одлучи за тоа која превентивна мерка би се применила за осуденик кој чека правосилност на пресудата (види параграф 18 горе). Ова исто така произлегува од домашниот закон дека времетраењето на дадената превентивна мерка не зависи од времетраењето на изречената казна затвор и затоа може да биде подолга.
63. Судот сè уште мора да се задоволи дека оспорениот притвор, и покрај неговото придржување до домашното право, не било своеволно и на тој начин спротивен на Конвенцијата.
64. Судот не смета дека имало некаква нечесност кај Судот на Била Церква во неговата одлука за континуираниот престој на жалителот во притвор како превентивна мерка. Истовремено Судот забележува дека пресудата не содржела образложение за тоа, освен општата изјава за примената на споменатата мерка во оперативниот дел. Ова значи нефлексибилност со оглед дека довело судот што ја изрекол казната да го задржи жалителот во притвор, што јасно може да го надмине времетраењето на изречената казна затвор.
65. Судот прифаќа дека може да има посебни работи што се земаат во предвид кои дозволуваат, без разлика на времетраењето на затворската казна, лишување од слобода на осудениот како превентивна мерка насочена кон тоа да се овозможи тој или таа да биде достапен/достапна за судската постапка на апелационо ниво доколку против пресудата на првостепениот суд е поднесена жалба. Меѓутоа, такви работи што треба да се земат во предвид не се споменати или не може да се согледаат од пресудата на Судот на Била Церква од 12 јули 2010 г. Напротив, судот ја нотирал соработката на жалителот со истрагата и одлучил, на таа основа да изрече поблага казна од онаа што била законски предвидена (види параграф 6 горе). Соодветно да тоа продолжениот притвор на жалителот по истекувањето на казната затвор бил неоправдан. Судот забележува во врска со ова дека Владата исто така го признала ова во своето изјаснување (види параграф 26 горе).
66. Во контекст на гореспоменатите елементи што треба да се земат во предвид, Судот заклучува дека лишувањето од слобода од 15 до 27 јули 2010 г. значело повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата.
(б) Притворот на жалителот од 27 до 29 јули 2010 г.
67. Судот забележа дека на 27 јули 2010 година пресудата на Судот на Била Церква од 12 јули 2010 година станала правосилна. Соодветно на тоа престанале да постојат основите за лишувањето од слобода на жалителот, што било наложено како превентивна мерка со правосилноста на горенаведената пресуда. Ниту пак тој период додека жалителот бил затворен заради извршувањето на затворската казна што му била изречена, бидејќи таа уште претходно истекла.
68. Судот повторува дека одредено одолжување во спроведувањето на одлуката за ослободување на едно затворено лице е разбирливо, и честопати неизбежно со оглед на практичните аспекти поврзани со работата на судовите и следењето на одредени формалности. Меѓутоа, националните власти мора да се обидат да го сведат ова на минимум (види Quinn v. France, 22 March 1995, § 42, Series A no. 311; Giulia Manzoni v. Italy, 1 July 1997, § 25 in fine, Reports of Judgments and Decisions 1997‑IV; K.-F. v. Germany, 27 November 1997, § 71, Reports 1997‑VII; Mancini v. Italy, no. 44955/98, § 24, ECHR 2001‑IX). Административните формалности поврзани со ослободувањето не можат да го оправдаат одлагањето од повеќе од неколку часа (види Nikolov v. Bulgaria,no. 38884/97, § 82, 30 January 2003). Договорните земји треба да го организираат правниот систем на начин на кој нивните органи за спроведување на законот ќе можат да одговорат на обврската да се избегне неоправдано лишување од слобода (види, на пример, Shukhardin v. Russia, no. 65734/01, § 93, 28 June 2007; и Mokallal v.Ukraine, no. 19246/10, § 44, 10 November 2011).
69. Во овој случај на домашните власти им биле потребни два дена да го организираат ослободувањето на жалителот откако престанале да постојат основи за неговиот притвор кога пресудата од 12 јули 2010 година станала правосилна. Со оглед на истакнатото место кое правото на слобода го има во едно демократско општество, тужената држава требала да ги употреби сите современи средства за пренесување на информацијата за да се обезбеди минимално одлагање на спроведувањето на одлуката за ослободување на жалителот, согласно условите утврдени во релевантната судска пракса (види, Мокалал, цитиран горе, § 44). Судот не е задоволен како украинските власти се придржувале со тој услов во овој случај.
70. Следи дека притворот на жалителот во текот на овој период не било оправдано согласно членот 5 § 1 од Конвенцијата.
(в) Заклучок
71. Во контекст на сè што беше претходно изнесено, Судот заклучува дека имало повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата во однос на целиот период за време на кој бил затворен и за кој се жалел (од 15 до 29 јули 2010).
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 2 § 1 ОД ПРОТОКОЛОТ БР. 7
72. Жалителот исто така се жалеше по член 2 од Протоколот бр. 7 дека бил ефективно лишен од правото да ја оспори пресудата од неговиот кривичен случај со жалба. Одредбата на кој се потпираше гласи:
„1. Секој кого судот го прогласил за виновен за кривично дело има право пресудата или казната изречена за тоа дело да биде разгледана од страна на повисок суд. Остварувањето на ова право, вклучувајќи ги и причините за неговото остварување, се определени со закон.
2. Ова право може да има исклучоци во случај на мали прекршоци кои се утврдени во законот или во случаи кога лицето за кое станува збор уште во првостепената постапка било осудено од највисок суд или прогласено за виновно и осудено откако е поднесена жалба против неговото ослободување.“
А. Допуштеност
73. Судот забележува дека оваа жалба не е евидентно неоснована во рамките на значењето на членот 35 § 3 (а) од Конвенцијата. Ниту дека е недопуштена по некој друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена.
Б. Основаност
74. Жалителот се изјасни дека тој бил обврзан да избере меѓу остварувањето на неговото право да се жали против пресудата во неговиот кривичен случај, и неговата слобода од друга страна. Со други зборови, тој тврдеше дека доколку одлучел да се жали, ова значително ќе го одолжело неговото ослободување.
75. Владата не коментираше во однос на горенаведениот аргумент на жалителот. Тие забележаа дека согласно домашното право тој имал право да поднесе жалба против пресудата на 12 јули 2010 г., но дека одлучил да не го стори тоа. Согласно тоа, Владата сметаше дека правата на жалителот согласно членот 2 од Протоколот бр. 7 не биле повредени.
76. Судот забележува дека Договорните држави во принцип уживаат широка маргина на дискреционо право кога одлучуваат како да се обезбеди остварување на правото согласно членот 2 од Протоколот бр. 7 од Конвенцијата (види Krombach v. France, no. 29731/96, § 96, ECHR 2001‑II).
77. Како што произлегува од судската пракса на Судот, оваа одредба главно ги регулира институционалните прашања, како што се пристапот до апелационен суд или опсегот на разгледување во апелациони постапки (види, на пример, Pesti and Frodl v. Austria (dec.), nos. 27618/95 and 27619/95, 18 January 2000).
78. Што се однесува до прашањето на достапноста, Судот сметал дека прифатлива, особено дека во одредени земји обвинетиот што сака да се жали понекогаш мора да бара одобрение тоа до го стори. Меѓутоа, добро утврден принцип на судската пракса е дека ограничувањата содржани во домашното законодавство за правото на ревидирање спомнато во таа одредба мора, по аналогија на правото на пристап до суд вградено во членот 6 § 1 од Конвенцијата, да се води од легитимна цел, а не да ја прекрши самата суштина на тоа право (види Krombach, цитиран горе, § 96; Gurepka v.Ukraine, no. 61406/00, § 59, 6 September 2005; и Galstyan v. Armenia, no. 26986/03, § 125, 15 November 2007).
79. Судот повтори дека Конвенцијата не треба да гарантира права коишто се теоретски или илузорни туку права кои се практични и делотворни. Ова особено се однесува на правото на пристап до суд со оглед на истакнатото место што правото на правично судење го има во едно демократско општество (види Airey v. Ireland, 9 October 1979, § 24, Series A no. 32, и García Manibardo v. Spain, no. 38695/97, § 43, ECHR 2000‑II). Имајќи го на ум горенаведениот принцип, Судот исто така во својата судска пракса има одлучено дека попречувањето всушност може да ја прекрши Конвенцијата подеднакво како и правна пречка (види Golder v. the United Kingdom, 21 February 1975, § 26, Series A no. 18, и една поскорешна референца, Centre for Legal Resources on behalf of Valentin Câmpeanu v. Romania [GC], no. 47848/08, § 113, ECHR 2014).
80. Ако се осврнеме на овој случај, Судот забележува дека имало јасна процедура предвидена во украинското законодавство за поднесување жалба против пресуда во кривична постапка. Меѓутоа треба да се види дали жалителот бил попречен во своето право да поднесе жалба, и доколку било така дали попречувањето можело да се смета за попречување на самата суштина на неговото право вградено во членот 2 од Протоколот бр. 7.
81. Судот забележува дека домашните судови сметале дека е потребно да се задржи жалителот во затвор како превентивна мерка додека се чекало на правосилноста на пресудата на основниот суд дури и откако казната затвор што му била изречена со таа казна веќе истекла. Во отсуство на жалба, периодот во прашање траел дванаесет дена. Доколку жалителот одлучел да се жали ова ќе ја одложело правосилноста на пресудата на неопределено време.
82. Согласно тоа, Студот се согласува со аргументот на жалителот дека остварувањето на неговото право на жалба би било по цена на неговата слобода, особено што времетраењето на неговиот престој во затвор не би било прецизирано. Затоа Судот утврдил дека ваквите околности ја прекршиле самата суштина на неговото право вградена во членот 2 од Протоколот бр. 7.
83. Затоа има повреда на оваа одредба.
III. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
84. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Штета
85. Жалителот побаруваше 3.000 евра („ЕУР“) за нематеријална штета.
86. Владата го оспори ова побарување за непоткрепено и претерано.
87. Со оглед на сите околности во овој случај, Судот прифаќа дека жалителот претрпел нематеријална штета која не може да биде надоместена само со наод за прекршување. Правејќи ја својата проценка на правична основа, Судот му го доделува побарувањето на жалителот во целост.
Б. Трошоци и издатоци
88. Жалителот исто така побаруваше 1.330 евра за трошоци и издатоци направени пред Судот. Тој побара Судот да го префрли овој износ на банкарската сметка на неговиот застапник.
89. Владата го оспори ова барање како претерано.
90. Според судската пракса на Судот еден жалител има право на рефундирање на своите трошоци и издатоци само доколку покажел дека истите настанале реално и неопходно и биле разумни во однос на износот. Во овој случај земајќи ги во предвид документите што ги поседуваше и горенаведените критериуми, Судот го одобри барањето на жалителот во целост и му доделува 1.330 евра за трошоци и издатоци
В. Казнена камата
91. Судот смета дека е соодветно казнената каматна стапка да се заснова на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО,
1. Ја прогласува жалбата за допуштена;
2. Одлучи дека имало повреда на членот 5 § 1 од Конвенцијата;
3. Одлучи дека имало повреда на членот 2 од Протоколот бр. 7;
4. Одлучи
(а) дека тужената држава треба да му ги исплати на жалителот, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане правосилна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата, следниве износи конвертирани во валутата на тужената држава по стапката што ќе важи на денот на исплатата:
(i) 3.000 евра (три илјади евра), плус секој данок што би можел да се наплати, за нематеријална штета;
(ii) 1.330 евра (илјада триста и триесет евра), плус секој данок што би можел да му се наплати на жалителот, за трошоци и издатоци, кои треба да се префрлат на банкарската сметка на неговиот застапник;
(б) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата простата камата ќе се плаќа на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската централна банка за време на казнениот период плус три процентни поени;
Изготвено на англиски јазик, и доставено на писмено на 4 јуни 2015 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Милан БлашкоМарк Вилигер
Заменик секретарПретседател
Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот за работа на Судот, издвоеното мислење на судијата Б.М. Зупанчиќ е приложено кон оваа пресуда.
М.В.
М.Б.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights ( ) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@ .
Full & Egal Universal Law Academy