© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка од судската пракса на Судот бр. 186
јуни 2015 год.
Саргсјан против Азербејџан [ГСС] - 40167/06
Пресуда 16.6.2015 [ГСС]
Член 1
Јурисдикција на државите
Јурисдикцијата на Азербејџан во однос на спорната област во близина на Нагорно-Карабах на територијата на Азербејџан.
Член 8
Член 8-1
Почитување на семејниот живот
Почитување на домот
Почитување на приватниот живот
Неможноста на еден Ерменец кој бил раселен во контекст на конфликтот во Нагорно-Карабах да добие пристап до својот дом и гробовите на своите роднини: повреда.
Член 13
Делотворен правен лек
Отсуство на делотворен правен лек во однос на губењето на домовите или имотот од страна на лица раселени во контекст на конфликтот во Нагорно-Карабах: повреда.
Член 1 од Протоколот бр. 1
Позитивни обврски
Член 1 став 1 од Протоколот бр. 1
Мирно уживање во имотот
Имот
Тоа што Азербејџан не успеал да преземе мерки за да им ги обезбеди имотните права на ерменските граѓани кои биле раселени во контекст на конфликтот во Нагорно-Карабах: повреда.
Факти – Жалителот починал по поднесувањето на неговата жалба до Судот. Две од неговите деца ја презеле жалбата во негово име.
Жалителот и неговото семејство, етнички Ерменци, порано живееле во селото Гулистан во регионот Шахумјан на Советската Социјалистичка Република Азербејџан („ССР Азербејџан“), каде што тој имал куќа и парче земја. Според неговите искази, неговото семејство било присилено да го напушти својот дом во 1992 г. за време на ерменско-азербејџанскиот конфликт за Нагорно-Карабах.
Во времето на распаѓањето на Советскиот сојуз, во декември 1991 г. Автономната област Нагорно-Карабах („НКАО“) била автономна покраина затворена во рамките на ССР Азербејџан. Во 1989 г. НКАО имала население со приближно 77% етнички Ерменци и 22% етнички Азери. Регионот Шахумјан имал заедничка граница со НКАО и се наоѓал северно од него. Според жалителот, пред конфликтот, 82% од населението на регионот Шахумјан биле етнички Ерменци. Вооружените непријателства во Нагорно-Карабах започнале во 1988 г. Во септември 1991 г. – наскоро откако Азербејџан ја прогласил својата независност од Советскиот Сојуз – Регионалниот Совет на НКАО прогласил формирање на „Република Нагорно-Карабах“ („РНК“), која се состоела од територијата на НКАО и округот Шахумјан во Азербејџан. По референдумот во декември 1991 г. – кој бил бојкотиран од азерското население – а на кој 99.9% од оние што излегле да гласаат гласале за отцепување на РНК од Азербејџан, „РНК“ ја потврдил својата независност од Азербејџан во јануари 1992. После тоа конфликтот постепено ескалирал во вистинска војна. До крајот на 1993 г., силите на етничките Ерменци ја презеле контролата на речиси целата територија на поранешната НКАО, како и во седумте соседни азербејџански региони. Конфликтот резултирал со стотици илјади внатрешно раселени лица и бегалци на двете страни. Во мај 1994 г. страните во конфликтот потпишале договор за прекин на огнот кој важи до денешен ден. Преговорите за мирно решение се водат под покровителство на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Меѓутоа, до сега не е дојдено до никакво политичко решение. Самопрогласената независност на „РНК“ не е призната од ниедна држава или меѓународна организација. Пред нивното пристапување во Советот на Европа во 2001 г., и Ерменија и Азербејџан дале ветување пред Комитетот на министри и Парламентарното собрание, дека ќе изнајдат мирно решение за конфликтот во Нагорно-Карабах.
Шахумјан, каде што живеело семејството на г-динот Саргсјан не бил дел од НКАО, туку подоцна бил баран од „РНК“ како дел од нивната територија. Во 1991 г. милициски единици за посебна намена на ССР Азербејџан започнале операција во регионот со цел „проверка на пасоши“ и разоружување на локалните ерменски милитанти во регионот. Меѓутоа, според различните извори, милициските единици на ССР Азербејџан ја користеле официјалната цел како изговор за протерување на ерменското население од повеќе села во регионот. Во 1992 г., кога конфликтот ескалирал во војна, регионот Шахумјан бил нападнат од азербејџанските сили. Жалителот и неговото семејство избегале од Гулистан после силното бомбардирање на селото Тој и неговата сопруга после тоа живееле како бегалци во Ереван, Ерменија.
Во поткрепа на своето тврдење дека живеел во Гулистан поголемиот дел од својот живот до неговото насилно раселување, жалителот поднел копија од својот поранешен советски пасош и својот извод од матичната книга на венчани. Тој исто така поднел копија од службена потврда („технички пасош“), според која куќа на два ката во Гулистан и повеќе од 2.000 м2 земја биле регистрирани на негово име, како и фотографии од куќата и писмени изјави од поранешни службени лица од селскиот совет и поранешни соседи кои потврдувале дека тој имал куќа и парче земја во Гулистан.
Право
(a) Прелиминарни приговори
(i) Исцрпување на правните лекови на домашно ниво – Со оглед на конфликтот во Нагорно-Карабах - земајќи го во предвид фактот дека немало дипломатски односи меѓу Ерменија и Азербејџан и дека границите биле затворени - може да има значителни политички потешкотии во начинот на кој едно лице од една од земјите покренувало судска постапка во другата. Владата на Азербејџан не успеала да објасни како законската рамка за заштита на сопственоста би се применила во случај на ерменски бегалец кој сака да побара враќање или надоместок за загубената сопственост која ја оставил зад себе заради конфликтот. Тие не обезбеделе никаков пример на случај во кој едно лице во ситуација слична на таа на жалителот имал успех пред азербејџанските судови. Владата со тоа не успеала да докаже дека постоел правен лек со кој можело да се добие надоместок во однос на жалбите на жалителот.
Заклучок: прелиминарниот приговор бил отфрлен (петнаесет гласа наспроти еден).
(ii) Јурисдикција и одговорност на Азербејџан – Со оглед дека селото било сместено на меѓународно признатата територија на Азербејџан – факт кој не бил спорен кај странките – согласно судската пракса на Судот, пресумпцијата била дека Азербејџан имал јурисдикција врз селото. Затоа Владата требала да покаже дека постојат вонредни околности, кои би ја ограничиле нивната одговорност согласно членот 1 од Конвенцијата. Гулистан и азербејџанските воени сили биле лоцирани на северниот брег на реката, додека позициите на „РНК“ биле лоцирани на јужниот брег. Врз основа на материјалите што Судот ги имал пред себе било невозможно да се утврди дали во Гулистан имало воено присуство – иако имало низа индикации – во текот на периодот којшто потпаѓал во рамките на неговата привремената јурисдикција, имено од април 2002, кога Азербејџан ја ратификувал Конвенцијата, до денешен ден. Меѓутоа било значајно да се забележи дека ниедна од странките не тврделе дека „РНК“ имале трупи во селото.
Судот не бил убеден од аргументот на Владата дека, бидејќи селото било лоцирано во спорната област, опколена од мини и опкружена од воени позиции на непријателските сили, Азербејџан имал само ограничена одговорност согласно Конвенцијата. Наспроти другите случаи во кои Судот одлучил дека државата имала само ограничена одговорност на дел од нејзината територија заради окупацијата од друга држава или контрола од сепаратистички режим, не било утврдено дека Гулистан бил окупиран од вооружени сили од друга држава.
Земајќи ја во предвид потребата да се избегне вакуумот во заштитата што ја обезбедува Конвенцијата, Судот не сметаше дека тужената Влада покажала постоење на вонредни околности од таква природа за да се квалификува нивната одговорност под Конвенцијата. Всушност, ситуацијата во прашање во овој случај била многу блиска на ситуацијата во случајот Асанидзе против Грузија (Assanidze v. Georgia (71503/01, 8 April 2004, Информативна белешка 63)) со оглед на тоа дека од правна гледна точка Владата на Азербејџан имала јурисдикција како територијална држава и полна одговорност согласно Конвенцијата, додека тие би можеле да се соочат со тешкотии на практично ниво во практикувањето на својата власт во областа на Гулистан. Таквите тешкотии требало да се земат во предвид при проценката на сразмерноста на дејствијата или пропустите на кои се жалел жалителот.
Заклучок: прелиминарниот приговор бил отфрлен (петнаесет гласа наспроти еден).
(б) Основаност
Член 1 од Протоколот бр. 1: Судската пракса на Судот развила флексибилен пристап во однос на доказите кои требале да бидат обезбедени од жалителите кои тврделе дека ги загубиле својот имот и дом во ситуации на меѓународен или внатрешен вооружен конфликт. Сличен пристап бил отсликан во „Принципите за враќање на домовите и сопственоста за бегалци и раселени лица“ на ООН (Пињеиро принципите).
Во актуелниот случај, жалителот поднел технички пасош на негово име којшто го поврзувал со куќа и земја во Гулистан, вклучително и детален план од куќата. Не било спорно дека технички пасош, по правило, се издавал на лицето кој бил носител на правото на сопственост на куќата или земјата, што не било отфрлено од Владата на убедлив начин. Исто така изјавите на жалителот за тоа како ја стекнал земјата и дозволата за изградба на куќа биле поткрепени од изјави на повеќе членови на семејството и поранешни селани. Иако овие изјави не биле тестирани во вкрстеното испрашување, тие биле полни со детали и покажувале дека засегнатите луѓе ги проживеале опишаните настани. И на крај, но не помалку важно, Судот ги зел во предвид околностите во кои жалителот бил присилен да замине кога селото било нападнато. Не е изненадувачки тоа дека не можел со себе да ја понесе целокупната документација. Соодветно на тоа, земајќи ги во предвид сите презентираните докази, Судот утврдил дека жалителот доволно го поткрепил своето тврдење дека имал куќа и парче земја во Гулистан во времето на неговото бегство во 1992 г.
Во отсуство на убедливи докази дека куќата на жалителот била целосно уништена пред да стапи на сила Конвенцијата за Азербејџан, Судот тргнал од претпоставката дека таа сè уште постоела, но била тешко оштетена. Како заклучок, немало фактичка основа за приговорот ratione temporis на Владата.
Согласно советскиот правен систем немало приватна сопственост на земја, но граѓаните можеле да се сопственици на куќи за живеење. Парчиња земја би можеле да се доделат на граѓани за посебна намена, како на пример земјоделие или изградба на индивидуални куќи. Во такви случаи граѓанинот имал „право на употреба“, ограничено на посебната намена, што било заштитено со закон и можело да биде наследено. Затоа немало сомнеж дека правата на жалителите во однос на куќите и земјиштето претставувале значителен економски интерес. Со оглед на автономното значење на членот 1 од Протоколот 1 правото на жалителот на личен имот, како куќа и неговото „право на користење“ во однос на земјата, претставувало „сопственост“ согласно оваа одредба.
Иако присилното раселување на жалителот од Гулистан било надвор од привремената јурисдикција на Судот, тој морал да испита дали тужената Влада го прекршила своето право во настанатата ситуација, која продолжила да постои и по стапувањето на сила на Конвенцијата во однос на Азербејџан.
Во моментот, повеќе од една илјата поединечни жалби поднесени од лица кои биле раселени за време на конфликтот чекале пред Судот, од нив нешто повеќе од половина биле против Ерменија, а останатите против Азербејџан. Иако прашањата што се покрената потпаѓале под јурисдикцијата на Судот согласно дефиницијата на членот 32 од Конвенцијата, двете држави кои биле инволвирани имале обврска да изнајдат мирно решение за конфликтот. Сеопфатни решенија на прашањата како што е враќањето на бегалците во нивните поранешни места на живеење, повторното враќање на нивниот имот и/или исплата на надоместокот можеле да се постигнат само преку мировен договор. Факт е дека пред пристапувањето во Советот на Европа, Ерменија и Азербејџан ветиле дека ќе го решат конфликтот во Нагорно-Карабах на мирен начин. Судот не може а да не забележи дека гореспоменатата обврска од пристапување сè уште била неисполнета.
Овој случај бил првиот во кој Судот морал да одлучи за основаноста на жалба против држава која изгубила контрола врз дел од својата територија како резултат на војна или окупација, но која во исто време се тврдело дека била одговорна за тоа дека не му давала пристап на едно раселено лице до имотот во област која и понатаму била под нејзина контрола.
Судот ја разгледал жалбата на жалителот за да утврди дали тужената држава се придржувала до своите позитивни обврски согласно членот 1 од Протоколот бр. 1 и дали бил постигнат правичен баланс меѓу барањата на јавниот интерес и основното право на жалителот на сопственост. Жалбата на жалителот покренала две прашања, прво дали тужената Влада имала обврска да му додели пристап до неговата куќа и земја во Гулистан, и второ дали тие имале обврска да преземат некакви други мерки за заштита на правото на сопственост на жалителот и/или да му надомести за тоа што не можел да го користи.
Меѓународното хуманитарно право не давало јасен одговор на прашањето дали Владата била во право кога на жалителот не му одобрила пристап до Гулистан. Со оглед на фактот дека Гулистан се наоѓал во област на воени дејствија и најмалку областа околу него била минирана, Судот го прифатил аргументот на Владата дека тоа што не им дозволувале на цивилите, вклучително и на жалителот, да пристапат со селото било оправдано од безбедносни причини. Меѓутоа, сè додека пристапот до имотот не бил можен, државата имала обврска да преземе алтернативни мерки за да ги обезбеди сопственичките права – и со тоа да постигне правична рамнотежа меѓу спротивставените јавни и индивидуални интереси во случајот – како што било признато од релевантните меѓународни стандарди издадени од страна на Обединетите нации (Пињеиро принципи) и Советот на Европа. Судот нагласил дека обврската да преземат алтернативни мерки не зависела од тоа дали државата можела да се смета дека е одговорна за самото раселување.
Фактот дека мировните преговори под покровителство на ОБСЕ сè уште траеле – кои ги вклучувале прашањата поврзани со раселените лица – не ја ослободувала Владата од нејзината обврска да преземе мерки, особено со оглед на фактот дека преговорите се одвивале повеќе од дваесет години. Затоа би било важно да се воспостави механизам за побарување на сопственоста којшто би бил лесно достапен и би обезбедил процедури кои дејствуваат со флексибилни доказни стандарди за на жалителот и на други во неговата ситуација да им дозволат да си ги вратат имотни права и да добијат надоместок на тоа што го изгубиле уживањето во своите права. Иако Владата на Азербејџан морала да обезбеди помош на стотици илјади внатрешно раселени лица – имено оние Азербејџанци кои морале да избегаат од Ерменија и од Нагорно-Карабах и околните окрузи – заштитата на таа група не ја ослободило во целост Владата од нејзините обврски кон Ерменците како жалителот кои морале да избегаат како резултат на конфликтот. Во врска со тоа Судот упатил на принципот на недискриминација утврден во членот 3 од гореспоменатите Пињеиро принципи.
Како заклучок, тоа што жалителот немал пристап до својот имот во Гулистан без Владата да преземе некакви алтернативни мерки со цел да се обноват неговите имотни права или да му се обезбеди надоместок, наметнувало претеран товар врз него. Оттука соодветно на тоа имало континуирана повреда на неговите права согласно членот 1 од Протоколот бр. 1.
Заклучок: повреда (петнаесет гласа наспроти два).
Член 8 од Конвенцијата: Жалбата на жалителот вклучувала два аспекти: немање на пристап до домот во Гулистан и немање на пристап до гробовите на неговите роднини. Со оглед на доказите поднесени од г-динот Саргјан (имено копија од неговиот поранешен советски пасош и неговиот извод од матичната книга на венчани, и повеќе изјави од сведоци), Судот утврдил дека тој живеел во Гулистан поголемиот дел од неговиот живот до неговото присилно напуштање; оттука тој имал „дом“ таму. Неговото пролонгирано отсуство не можело да се смета за прекин на континуираната врска со неговиот дом. Исто така бидејќи жалителот мора да ги имал развиено повеќето свои социјални врски во Гулистан, неговата неможност да се врати во селото исто така влијаело на неговиот „приватен живот“. Конечно, културната и верската поврзаност на жалителот со гробовите на своите починати роднини во Гулистан, исто така можело да потпадне под поимот на „приватниот и семеен живот“.
Судот упатил на своите наоди во однос на членот 1 од Протоколот 1 и одлучил дека истото важело и во однос на жалбата на жалителот согласно членот 8. Тоа што жалителот немал пристап до својот дом и до гробовите на своите роднини во Гулистан без Владата да преземе некакви мерки со цел да одговори на неговите права и да му обезбеди барем надоместок, наметнало несразмерен товар врз него. Соодветно на тоа имало континуирана повреда на членот 8 од Конвенцијата.
Заклучок: повреда (петнаесет гласа наспроти два).
Член 13 од Конвенцијата: Тужената Влада не успеала да докаже дека бил достапен правен лек којшто можел да обезбеди обесштетување за жалителот во однос на неговите жалби во врска со Конвенцијата и да понуди разумни шанси за успех. Исто така наодите на Судот согласно членот 1 од Протоколот бр. 1 и членот 8 од Конвенцијата поврзани со пропустот на државата да креира механизам којшто ќе му дозволел да си ги поврати своите права во однос на имотот и домот и да добие надоместок за претрпените загуби. Затоа имало тесна врска меѓу повредите утврдени во однос на членот 1 од Протоколот бр. 1 и членот 8 од една страна и барањата на членот 13 од друга страна. Соодветно на тоа имало континуирана повреда на членот 13 од Конвенцијата.
Заклучок: повреда (петнаесет гласа наспроти два).
Член 41: резервиран.
© Совет на Европа / Европски суд за човекови права
Ова резиме на Регистратурата не го обврзува Судот.
Кликнете овде за информативни белешки од судската пракса
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights ( ) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@ .
Full & Egal Universal Law Academy