© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈ С.А.С. (S.A.S.) против ФРАНЦИЈА
(Жалба бр. 43835/11)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
1ви јули 2014 г.
Оваа пресуда е конечна. Може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот С.А.С. против Франција,
Европскиот Суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Дин Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Јосеп касадевал (Josep Casadevall),
Гвидо Рајмонди (Guido Raimondi),
Инета Зиемеле (Ineta Ziemele),
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Боштјан М. Зупанчиќ (Boštjan M. Zupančič),
Елизабет Штајнер (Elisabeth Steiner),
Канлар Хајијев (Khanlar Hajiyev),
Мирјана Лазарова Трајковска (Mirjana Lazarova Trajkovska),
Леди Бјанку (Ledi Bianku),
Гана Јудикивска (Ganna Yudkivska),
Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Erik Mose (Erik Møse),
Андре Потоцки (André Potocki),
Пол Леменс (Paul Lemmens),
Хелена Јадерблом (Helena Jäderblom),
Алеш Пејчал (Aleš Pejchal), судии,
и од Ерик Фриберг (Erik Fribergh), секретар на судот,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на судскиот совет на 27 ноември 2013 г.и на 5 јуни 2014 г,
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалба (брo 43835/11) против Република Франција поднесена од државјанка на таа држава („жалителката“) која се обрати до Судот на 11 април 2011 г. во согласност со членот 34 од Европската конвенција за човекови права и основни слободи („Конвенцијата“). Претседателот на Петтиот оддел и потоа претседателот на Големиот судски совет го прифатија барањето на жалителката нејзиниот идентитет да не биде откриен (член 47 § 3 од Деловникот).
2. Жалителката е застапена пред Судот од г-дин Сањеев Шарма (Sanjeev Sharma), адвокат (solicitor) во Бирмингем (Birmingham), г-да Ремби де Мело (Ramby de Mello) и Тони Маман (Tony Muman), адвокати (barristers) во Бирмингем, и Сетвиндер Саинг Јус ( Satvinder Singh Juss), адвокат во Лондон. Француската влада („Владата“) беше застапувана од нејзиниот агент; се работеше првично за г-ѓа Едвиж Белиар (Edwige Belliard), директорка за правни работи при Министерството за надворешни работи, која беше заменета од страна на г-дин Франсоа Алабрин (François Alabrune) во мај 2014 година.
3. Жалителката се жали дека забраната за носење на облека наменета да го сокрие лицето во јавниот простор што ја воведува Законот бр2010-1192 од 11 октомври 2010 г. ја лишува од можноста да носи целосен превез на јавни места. Таа наведува повреда на членовите 3, 8, 9, 10 и 11 од Конвенцијата, земени сами и заедно со членот 14 од Конвенцијата.
4. Жалбата му беше доделена на Петтиот оддел на Судот (член 52 § 1). На 1ви февруари 2012 година, жалбата беше доставена до Владата.
5. На 28 мај 2013 година, судски совет од петтиот оддел составен од Марк Вилигер, претседател, Анџелика Нусбергер, Боштјан М. Жупанчиќ, Гана Јудкивска, Андре Поточки, Пол Леменс и Алеш Пејчал, судии, и Клаудиа Вестердајк, секретарка на одделот, се откажа од надлежноста во корист на Големиот судски совет, пришто ниту една од страните не се спротистави (членови 30 и 72 од Конвенцијата).
6. Составот на Големиот судски совет беше утврден во согласност со членовите 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и 24 од Деловникот.
7. Како жалителката, така и и Владата доставиле писмени забелешки за допуштеноста и основаноста на случајот.
8. Невладините организации Amnesty International, Liberty, Open Society Justice Initiative и ARTICLE 19 како и Центарот за човекови права при Универзитетот во Гент и белгиската влада добија дозвола да интервенираат во писмената постапка (член 36 § 2 од Конвенцијата и член 44 § 3 од деловникот). Белгиската влада исто така доби дозвола да интервенира во устната постапка.
9. Беше одржано јавно рочиште во Палатата за човекови права, во Стразбур, на 27 ноември 2013 година (член 59 став 3 од Деловникот).
Пред судот се појавија:
– за тужената Влада
Г-ѓа.Едвиж Белиар (Edwige Belliard), директорка за правни работи при Министерството за надворешни работи, агент,
Г-ѓа.Натали Ансел (Nathalie Ancel) заменик-директорка за човекови права при Министерството за надворешни работи, ко-агент,
г-дин. Силвен Фурнел (Sylvain Fournel), уредник во под-директоратот за човекови права при Министерството за надворешни работи,
Г-дин. Родолф Ферал (Rodolphe Feral), уредник во под-директоратот за човекови права при Министерството за надворешни работи,
Г-ѓа.Патрисиа Руо-Шалиер (Patricia Rouault-Chalier), заменик-генерална директорка за правни работи и спорови при Министерството за правда,
Г-дин Ерик Диман (Eric Dumand), шеф на канцеларијата за право и европски, меѓународни и институционални спорови, при Министерството за внатрешни работи, советници;
- за жалителката
-за белгиската Влада
Г-ѓа Изабел Ниедлиспашер (Isabelle Niedlispacher), ко-агент,
Судот ги сослуша изјавите на г-ѓа Белиар, г-да де Мело и Маман и г-ѓа Ниедлиспашер, како и одговорите на г-ѓа Белиар и г-дин. де Мело на прашањата поставени од страна на судиите .
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
10. Жалителката е француска државјанка родена во 1990 година, која живее во Франција.
11. Жалителката, која се декларира како верник муслиман, вели дека носи бурка и никаб, со цел да биде во согласност со својата вера, култура и лични убедувања. Таа појаснува дека бурката е облека што го покрива целото тело и се состои од мрежеста ткаенина на лицето, а никабот е превез кој го покрива лицето со исклучок на очите. Таа нагласува дека ниту нејзиниот сопруг ниту кој било друг член на неговото семејство не врши притисок врз неа за да се облекува така.
12. Таа додава дека носи никаб во јавност и во приватниот живот, но не на систематски начин; така, на пример, таа не може да го носи кога е на преглед кај лекар или кога се среќава со пријатели на јавно место или пак кога сака да склучи познанства. Според тоа, таа се согласува да не го носи цело време никабот на јавни места, но сака да може да го прави тоа кога ќе избере, особено кога нејзиното духовно расположение тоа и го диктира. Така, во некои ситуации, (како на пример, за време на верски празници како што е Рамазан), кога таа чувствува дека треба да го носи во јавност за да ја изрази својата вероисповест и својата лична и културна вера; нејзината цел не е да предизвика непријатно чувство кај другите туку да биде во согласност со себе си.
13. Жалителката наведува дека таа не бара да може да го задржи никабот кога треба да се подложи на безбедносна проверка, кога оди во банка или патува со авион, и дека таа се согласува да го покаже своето лице кога тоа е потребно заради нужна проверка на идентитетот.
14. Од 11-ти април 2011 година, денот на влегувањето во сила на Законот бр. 2010-1192 од 11 октомври 2010 година, на целата територија на Република Франција, забрането е за секого да го крие своето лице во јавниот простор.
(...)
ПРАВОТО
(...)
IV. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОВИТЕ 8, 9 и 10 ОД КОНВЕНЦИЈАТА, САМИ И ВО КОМБИНАЦИЈА СО ЧЛЕНОТ 14 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
74. Жалителката се жали од истите причини на повреда на нејзиното право на почитување на приватниот живот, правото на слобода на изразување на нејзината вероисповест или убедувања и на правото на слобода на изразување, како и на дискриминацијата во остварувањето на овие права. Таа се повикува на членовите 8, 9 и 10 од Конвенцијата, земени сами или во комбинација со членот 14, споменат погоре, пришто првите од овие одредби гласат вака:
Член 8
„1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. .
2. Нема да постои никаво мешање од страна на јавната власт при остварувањето на ова право, освен во согласност со законот и доколку é тоа неопходно во едно демократско општество за заштита на националната безбедност, јавната сигурност или економската благосостојба во земјата, за спречување на немири или извршување на кривично дело, за заштита на здравјето и моралот, или за заштита на правата и слободите на другите.
Член 9
„1. Секој има право на слобода на уверување, совест и религија, вклучувајќи го и правото на промена на религијата или уверувањето: и слободата да сам или во група, во јавност или приватно, ја изрази својата религија или убедување, преку почитување, поучување, богослужба и обред.
2. Слободата на изразување на религијата или убедувањето може да се ограничи само со закон и доколку е тоа неоходно во едно демократско општество во интерес на националната безбедност, јавната сигурност, здравјето или моралот или за заштита на правата и слободите на другите. »
Член 10
"1. Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на сопствено мислење и примање и пренесување на информации или идеи без било какво мешање на јавната власт и без оглед на државните граници. Овој член не ги спречува државите да доделуваат лиценци за работа на претпријатијата за радиодифузија, телевизиски пренос и кината.
2. Остварувањето на овие слободи, бидејќи со себе носи иодговорност, може да се подложи на формалности, услови, рестрикции или казни определени со закон и неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната сигурност, за заштита од немири или кривично дело, на здравјето или моралот, репутацијатa или правата на другите, за заштита од откривање на доверливи информации или за одржување на авторитетот и непристрасноста на правосудството“
(...)
Б. За основаноста
1. Аргументи на страните
а) Жалителката
76. Жалителката наведува дека е родена во Пакистан и дека нејзиното семејство е дел од сунитската културна традиција во која обичајот и почитта бараат жените да носат целосен превез во јавност. Таа смета дека трпи сериозно мешање во остварувањето на правата гарантирани со членот 9 со оглед на тоа што Законот од 11 октомври 2010 година, кој има за цел да им забрани на жените муслиманки да носат целосен превез на јавни места, ја спречува да ја изразува својата вера, да ја живее и да ја почитува во јавност. Таа додава дека, ако ова мешање е „пропишано со закон“, тоа нема за цел некоја од легитимните цели наведени во вториот став од оваа одредба и не е „неопходно“ во едно демократско општество“.
77. Жалителката смета, прво, дека не може да се прифати дека ова мешање ја има за легитимна цел „јавната безбедност“, кога не станува збор за мерка наменета за решавање на специфични безбедносни проблеми на места со висок ризик како што се аеродромите, туку за општа забрана која го опфаќа речиси целиот јавен простор. Што се однесува до аргументот на Владата дека законот го има за цел почитувањето на минималните барања на животот во општество со оглед на тоа што взаемното покажување на лицата е од суштинско значење во француското општество, жалителката тврди дека тој не ги зема во предвид културните практики на малцинствата кои не нужно се согласуваат со оваа филозофија и како ни тоа дека постојат облици на комуникација кои не се визуелни, и дека тоа во секој случај нема никаква врска со примената на кривични санкции со цел спречување на носење превез во јавност. Таа, исто така, смета дека тврдењето на Владата дека самиот факт што жените да ги покриваат своите лица е некомпатибилен со принципот на еднаквост помеѓу мажите и жените е поедноставувачко. Таа нагласува дека, според една потврдена феминистичка теза, носењето на превез често ја покажува еманципацијата на жените, нивната самоафирмација и нивнaта партиципација во општеството, и дека, што се однесува до неа, таа не сака им се допадне на мажите, туку на самата себе си и да ја ја почитува својата совест. Понатаму, не може да се тврди дека носењето на превез претставува порекнување на засегнатите жени на нивното право на постоење како личности во јавниот простор, кога во најголемиот дел од случаите се работи за слободен избор лишен освен тоа од каква и да е конотација на проселитизам. Таа додава дека други земји-членки со бројно муслиманско население не забрануваат носење на целосен превез на јавни места. Таа, исто така, смета дека е иронично што една апстрактна идеја за родова еднаквост оди против длабоко личниот избор на жените кои одлучиле да носат превез и нагласува дека нивното санкционирање ја влошува нееднаквоста против која наводно се бориме. Конечно, таа смета дека тврдењето дека забраната го има за легитимна цел „почитувањето на достоинството на лицата“ всушност ја заснова истата врз апстрактната, стереотипна претпоставка, која разоткрива мачо логика, дека жената со превез е „избришана/невидлива“.
78. Во однос на „неопходноста“, жалителката нагласува дека вистински слободно општество е општество кое може да опфати широк спектар на убедувања, вкусови, активности, обичаи и однесувања, и дека државите не се оние кои треба да одлучуваат за валидноста на верските убедувања. Според неа забраната и криминализацијата на целосниот превез во јавност испраќаат порака на нетолерантност и претставува пречка за социјализација на жените во прашање. Таа наведува дека Комитетот за човекови права укажал во својата општа забелешка бр. 28 дека регулирањето на облеката што жените можат да ја носат во јавност може да го поткопа принципот на еднакви права на мажите и жените, и во решението Raihon Hudoyberganova c. Ouzbekistan претходно наведена, дека слободата на изразување на својата вероисповест го опфаќа правото за носење во јавност на облека во согласност со својата вера или религија. Таа, исто така, подвлекува дека, иако е точно дека законот од 11 октомври 2010 година бил усвоен речиси едногласно, случаите Dudgeon, Norris и Modinos, наведени погоре, покажуваат дека една мерка може да има широка политичка поддршка, без притоа да биде „неопходна“ "во едно демократско општество“.
Исто така, под претпоставка дека саканите цели се легитимни, критикуваната забрана не може да го исполни овој услов кога овие цели би можеле да се постигнат со помалку ограничувачки мерки. Така, за да се одговори на барањата врзани со јавната безбедност, доволно би било да се вршат проверки на идентитетот на места со висок ризик, како во ситуациите разгледувани од Судот во случаите Phull c. France (одл.) (бр. 35753/03, EСЧП 2005‑I) и El Morsli е. France (одл.) (бр. 15585/06, 4 март 2008). Што се донесува до волјата да се обезбеди почитувањето на достоинството на лицата, таа не ослободува од обврската да се извагаат конкурентните интереси: оние на членовите на јавноста кои го осудуваат носењето превез; оние на жените со превез, кои како неа, се принудени да избираат меѓу тоа да делуваат спротивно на своите убедувања, да останат дома или да го прекршат законот. Правата на вторите се посериозно повредени од оние на првите. Според жалителката, да се смета како што тоа го прави Владата дека е неопходно да се криминализира не само принудувањето некого да носи превез, туку исто така и носењето превез по сопствен избор врз основа на тоа дека жените можеби не се осмелуваат да ги разоткријат оние кои на тоа ги принудуваат и дека принудата може да биде дифузна, претставува игнорирање на ситуацијата и мотивацијата на жените кои избираат да носат превез и оттука откажување од секое барање на пропорционалност. Дури и повеќе од патерналистички однос, овде се работи за намера да се казнат жените за кои, од друга страна, се тврди дека со тоа се штитат од патријархалните притисоци. Конечно, жалителката ги смета за ирелевантни коментарите на Владата дека слободата на облекување во согласност со својот избор останува многу широка во Франција и забраната не се однесува на местата за богослужба отворени за јавноста, со оглед на тоа дека нејзините убедувања и наметнуваат токму да си го покрие лицето и дека правото на изразување на верата не се ограничува на местата за богослужба и треба да може да се остварува во јавност.
79. Според жалителката, неможноста да се носи целосен превез на јавни места со која ја соочува законот од 11 октомври 2010 година претставува исто повреда на нејзиното право на почитување на приватниот живот гарантирано со членот 8 од Конвенцијата. На нејзиниот приватен живот му била нанесена повреда од три причини. Прво, бидејќи носењето на целосен превез е важен елемент од нејзиниот социо-културен идентитет. Второ, затоа што, како што Судот тоа го истакна во пресудата Von Hannover c. Allemagne (бр. 59320/00, §§ 50 и 69, ЕСЧП 2004‑VI), постои зона на интеракција помеѓу индивидуата и трети лица која, дури и во јавен контекст, може да се однесува на доменот на приватниот живот, и дека заштитата на приватниот живот според членот 8 оди подалеку од интимниот круг на семејството и, исто така, вклучува и социјална димензија. Трето, затоа што ако излезе од дома облечена во целосен превез, таа веројатно ќе наиде на непријателство и ќе биде предмет на кривични санкции. Така, принудена да го извади превезот кога излегува и можејќи да го носи само дома, „како да е во затвор“, таа е принудена да се однесува „ како доктор Џекил и мистер Хајд“.
Потоа, упатувајќи првенствено на нејзините забелешки за членот 9 од Конвенцијата, жалителката тврди дека ова мешање нема за цел ниту една од легитимните цели наведени во вториот став од членот 8 од Конвенцијата. Таа додава дека дури и да претпоставиме дека се работи за една од овие цели, оспореното мешање не може да се смета за неопходно во едно демократско општество, особено што барањата од вториот став од членот 8 во овој поглед се построги од оние од вториот став од членот 9.
80. Жалителката меѓудругото тврди дека забраната за носење на облека наменета за криење на лицето во јавниот простор, која, без сомнение, се однесува на бурката, раѓа дискриминација спротивно на членот 14 од Конвенцијата, врз основа на полот, верата и етничкото потекло на штета на муслиманките кои, како неа, носат исламски превез. Според неа се работи за индиректна дискриминација меѓу муслиманските жени чии верувања бараат од нив да носат целосен превез и другите муслимански жени, како и меѓу нив и муслимански мажи. Исклучокот што го предвидува законот, дека забраната не се применува доколку облеката се носи во рамките на „празници или уметнички или традиционални настани“, е исто така дискриминаторска со тоа што води до привилегирање на христијанското мнозинство: тоа им овозможува на христијаните да носат на јавни места облека која ги покрива нивните лица како дел од христијански празници или прослави (католички верски поворки, карневали или ритуали како што е Дедо Мраз), додека муслиманските жени кои сакаат да носат целосен превез во јавност остануваат под ударот на забраната дури и за време на месецот Рамазан.
б) Владата
81. Владата се согласува дека, и покрај тоа што е формулирана со општи термини, забраната предвидена со законот од 11 октомври 2010 година може да се гледа како „ограничување“, во рамките на значењето на членот 9 § 2 од Конвенцијата, на слободата на изразување на вероисповеста или верувањата. Сепак, таа смета дека ограничувањето има легитимни цели и е неопходно, во едно демократско општество, за истите да се постигнат`.
82. Според неа, првата од овие цели е да се обезбеди „јавната безбедност“: забраната соодветствува на потребата да се идентификува секој поединец, чија цел е спречување на повредите на безбедноста на лицата и на имотот и борба против лажните идентитети. Втората од овие цели спаѓа во доменот на „заштита на правата и слободите на другите.“ Станува збор за обезбедување на „почитување на минимално јадро на вредности на едно демократско и отворено општество." Владата се повикува во однос на ова на три вредности. Се работи најпрво за почитувањето на минималните барања врзани за животот во општество. Според Владата, лицето игра важна улога во интеракцијата меѓу луѓето: токму преку лицето, повеќе од преку кој и да е друг дел од телото, се изразува постоењето на поединецот како уникатна личност, и се препознава неговата човечност која тој ја споделува со својот соговорник истовремено со неговата другост. Криењето на лицето во јавниот простор оттука го има како последица прекинувањето на општествената врска и изразувањето на одбивање на „живеењето заедно“. Понатаму се работи за почитувањето на еднаквоста помеѓу мажите и жените, со оглед на тоа што да се смета дека жените треба да ги покријат своите лица на јавни места само затоа што се жени претставува негирање на нивното право на постоење како индивидуи и ограничување на изразувањето на нивната индивидуалност на приватниот простор или на исклучиво женски простор. Конечно, се работи за почитувањето на достоинството на луѓето, во онаа мера во која жените кои се така облечени се, за така да се каже, „избришани“ од јавниот простор. Меѓутоа, според Владата, било да е ваквото бришење е сакано или претрпено, тоа е обесчовечувачко и затоа тешко може да се смета за согласно со достоинството на човечката личност.
На прашањето за еднаквоста помеѓу мажите и жените, Владата ги оценува како изненадувачки изјавите на жалителката дека превезот често е израз на еманципацијата на жените кои го носат, на нивната самоафирмација и партиципација во општеството, и таа изјавува дека не се согласува со крајно позитивната слика што таа и невладините организации вмешувачи во постапката ја даваат за оваа практика. Таа, од друга страна, изјавува дека ги зема предвид извештаите изготвени од страна на две од страните вмешувачи, коишто покажуваат дека жените кои носат или носеле целосен превез тоа го прават или го правеле доброволно и се откажале од оваа практика само поради непријателството на населението. Таа, меѓутоа, забележува дека овие студии се спроведени само кај многу мал број на жени (дваесет и седум во еден случај, триесет и две во друг) регрутирани според методот „снежна топка“. Но, овој метод е доста несигурен кога се состои во тоа да се одреди целна група од неколку лица кои одговараат на предметот на истражување и потоа да се идентификуваат други лица преку нив, и така доведува до тоа да се изберат поединци кои имаат заеднички гледишта. Таа заклучува дека овие извештаи даваат многу делумен поглед на реалноста и нивната научна релевантност е доведена во прашање.
83. Што се однесува на неопходноста и пропорционалноста на ограничувањето, Владата истакнува дека законот од 11 октомври 2010 година бил донесен едногласно од изразените гласови (минус еден глас) како од Сенатот така и од Националното Собрание на крајот од голема демократска дебата која го вклучувала меѓудругото и граѓанското општество. Таа истакнува дека забраната во прашање е екстремно ограничена што се однесува до нејзиниот предмет бидејќи само криењето на лицето е забрането, од која и да е причина, со тоа што секој е слободен, во рамките на ова единствено ограничување, да носи во јавниот простор облека наменета за изразување на верско убедување. Таа додава дека забраната е неопходна за заштита на принципите кои го мотивирале нејзиното донесување. Таа вели во однос на ова дека ограничувањето на казнувањето само во случај кога има принуда на другиот да си го крие лицето немало да биде ефикасно, бидејќи засегнатите жени може да не се осмелуваат да го разоткријат виновникот и бидејќи може да се работи за дифузна принуда. Таа потоа потсетува дека Судот им уважува на државите широк простор за слободна проценка кога се работи на уважување кога станува збор за барање рамнотежа помеѓу приватните интереси и јавните интереси или кога приватниот интерес е во конфликт со други права заштитени со Конвенцијата (таа се повикува во овој поглед на пресудата Evans c. Royaume-Uni [ГС]; бр. 6339/05, § 77, ЕСЧП 2007-I) . Исто така, таа смета дека санкциите со кои е придружена забраната се лесни, со оглед на тоа дека се работи за парична казна од 150 евра или за стаж за граѓанство. Таа додава дека како Уставниот совет така и Врховниот суд го уважиле „неопходниот“ карактер на законот.
84. Што се однесува до членот 8 од Конвенцијата, Владата укажува дека не е убедена дека оваа одредба е применлива, со оглед на тоа што забраната за носење на облека наменета да го прикрие лицето вреди само за јавниот простор и што не може да се смета дека физичкиот интегритет или интимноста на личноста се во прашање. Истакнувајќи дека аргументите на жалителката се однесуваат во секој случај повеќе на слободата на изразување на своите убедувања или вероисповеста односно на членот 9, Владата упатува на аргументите што таа ги развила во оваа област во врска со оправдувањето на мешање и на нејзината пропорционалност.
85. Конечно, Владата смета дека жалителката „особено нема основ да се смета за жртва на дискриминација поради нејзиниот пол“, кога една од клучните цели на оспорениот закон е да се бори против дискриминацијата од овој тип која ја брише жената од јавниот простор преку носењето на целосен превез. бТаа смета дека тврдењето дека законот се заснова на стереотипот дека муслиманските жени се потчинети е неосновано и карикатурално. од една страна, затоа што законот не е насочен кон муслиманските жени. Од друга страна, бидејќи општествената бришење изразено со носењето на бурка или никаб „тешко може д абиде компатибилно со афирмирањето на општествено постоење.“ Сепак, според неа, од членот 14 од Конвенцијата не може да се изведе право на ставање на самиот себе си во ситуација на дискриминација. Што се однесува до аргументот дека една од последиците на законот е да ги одврати засегнатите да одат во јавниот простор и да се затворат дома, тој е особено неефикасен во овој случај, со оглед на тоа што жалителката укажува дека го облекува целосниот превез само доброволно и повремено.
Владата додава дека законот не создава дискриминација на штета на муслиманските жени. Таа потсетува во тој поглед дека праксата на носење целосен превез е е нова и невообичаена во Франција, и таа била критикувана многу пати од страна на важни муслимански личности. Таа понатаму вели дека забраната се применува независно од тоа дали причината за криење на лицето е од верска природа или не и без оглед на полот на лицето. Конечно, таа истакнува дека фактот што некои луѓе кои сакаат да усвојат однесување кое тие го оправдуваат со своите убедувања, без разлика дали се тие религиозни или не, тоа не можат да го стори заради забраната уртврдена со законот, не може да се смета сам по себе за дискриминаторски, со оглед на тоа што забраната се заснова на разумна основа и останува пропорционална со целта што треба да се постигне. Таа упатува во однос на на оваа точка на претходните укажувања.
2. Аргументи на третите страни
а) Белгиската влада
86. Владата вмешувач нагласува дека носењето целосен превез не е препишано со куранот туку претставува малцински обичај на арапскиот полуостров.
87. Таа понатаму вели дека закон за забрана за носење на каква и да е „облека која го крие во целост или во поголем дел лицето“ бил усвоен во Белгија на 1ви јуни 2011 година и влегол во сила на 23 јули 2011 година. Таа појаснува дека белгискиот Уставен суд ги отфрлил двете уставни жалби против овој закон, со пресуда од 6 декември 2012 година - истовремено искажувајќи заддршка во однос на местата за богослужба - сметајќи дека носењето на ваква облека пртетставува безбедносен проблем, како и пречка за правото на жените на еднаквост и достоинство и, уште поважно, ги загрозува самите услови за соживот. Таа смета дека поединците не се оние кои треба да ја преземат, во корист на нивните лични или верски слободи, моќта да одлучуваат кога тие ќе се согласат да се откријат во јавниот простор, со оглед на тоа што проценката на барањата за јавна безбедност нужно мора да се довери на јавните власти. Таа понатаму забележува дека и двете страни се повикуваат на правото на жените на еднаквост и достоинство, и признава дека носењето на целосен превез не е нужно израз на потчинување на мажите. Сепак, таа смета дека правото на изолирање има свои граници, дека кодовите на облекување што преовладуваат во нашите општества се производ на општествен консензус и плод на компромис меѓу индивидуалните слободи и општествените кодови за интеракција и дека луѓето кои носат облека која го крие нивното лице им праќаат на другите сигнал дека тие не сакаат да земат активно учество во општеството и оттука се дехуманизирани. Според неа, една од вредностите кои ги претставуваат основите на функционирањето на демократското општество е тоа да се овозможи активна размена меѓу поединците.
88. Владата вмешувач истакнува дека белгискиот законодавен дом сакал да брани модел на општество кој му дава приоритет на поединецот над неговите филозофски, културни или религиозни врски, со цел да ја промовира интеграцијата на сите и да осигура дека граѓаните делат заедничко наследство на основни вредности, како што се демократијата, еднаквоста помеѓу мажите и жените или одвојувањето на црквата и државата. Таа се повикува на пресудата на белгискиот уставен суд којшто смета дека, штом криење на лицето има како последица лишување од каква и да е можност за индивидуализација преку лицето, кога всушност оваа индивидуализација е основен услов врзан за неговата суштина, забраната за носење на јавни места на облека која го крие лицето, макар и да се работи за израз на верско убедување, одговора на неодложна општествена потреба во едно демократско општество. Таа додава дека белгискиот законодавец се определил за најлесната кривична санкција (парична казна) и - осврнувајќи се исто така на пресудата на Уставниот суд -, дека тоа што некои жени наводно останувале дома за да не се движат со откриено лице, повеќе произлегува од нивниот избор, а не од нелегитимна принуда која би им била наметната со закон. Конечно, таа смета дека францускиот и белгискиот закон не се дискриминаторски бидејќи тие го немаат за конкретна цел целосниот превез и се однесуваат на секое лице кое носи атрибут кој го крие неговото лице во јавност, било да е тоа маж или жена и било причината да е од религиозна природа или не.
б) Невладината организација Amnesty International
89. Организацијата вмешувач тврди дека правото да носи облека со верска конотација е заштитено од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права со оглед на ттоа што се однесува на правото на слобода на мислата, совеста и религијата и на правото на слободата на изразување. Таа додаде дека Пактот предвидува слични исклучоци со оние дозволени од страна на членовите 9 и 10 од Конвенцијата, и тврди дека јавното меѓународното право бара тие да се толкуваат на сличен начин од еден инструмент до друг. Затоа, таа го повикува Судот да ги земе предвид општите коментари бр. 22, 27 и 34 на Комитетот за човекови права како и неговата судска пракса (...).
90. Вмешувачот додава дека правото на недискриминација е гарантирано со сите меѓународни и регионални инструменти за заштита на основните права, дека и тука исто е потребно хомогено толкување и дека произлегува особено од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и од Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жените дека државите имаат обврска да преземат ефикасни мерки кои ги оневозможуваат дискриминаторските однесувања. Вмешувачот упатува освен тоа на општите коментари бр. 22 и 28 на Комитетот за човекови права. Организацијата вмешувач освен тоа го истакнува ризикот од вкрестена-дискриминација: жените може да страдаат од специфична форма на дискриминација поради комбинација на половиот фактор со други фактори, како што е религијата, која меѓудругото се изразува во стереотипизирањето на одредени категории на жени. Таа, исто така укажува дека ограничувањата на носењето на шамијата или на превезот можат да влијаат на правото на работа, правото на образование и правото на еднаквост пред законот, и можат да ги поттикнат вознемирувањето и насилството.
91. Според организацијата вмешувач, претпоставката дека жените кои носат одредени видови на облека го прават тоа затоа што се принудени претставува сексистички или верски стереотип; ставањето крај на дискриминацијата бара многу понијансиран пристап.
в) Невладината организација ARTICLE 19
92. Организацијата вмешувач истакнува дека носењето на религиозна облека или симболи спаѓа во рамките на правото на слобода на изразување и правото на слобода на вероисповед и мисла, и се однесува на Општиот коментар бр. 28 на Комитетот за човекови права. Таа исто така упатува на одлуката Hudoyberganova c. Ouzbékistan (претходно наведена) на истиот Комитет, во која тој сметал дека слободата на секој лице да ја изрази својата вера го вклучува правото да ги носи во јавност облеката или атрибутите за кои се смета дека во согласност со неговата религија или вера и дека спречувањето на лице да носи верска облека може да претставува кршење на членот 18 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Таа, исто така, се повикува на Општиот коментар бр. 34 од Комитетот, кој се однесува на слободата на мислење и изразување. Таа додава дека, во извештајот од 2006 година, Специјалниот известувач на ОН за слободата на религијата или верувањето дава насоки водилки за оценување на неопходноста и сразмерноста на ограничувања за носење на верски симболи или облека и им препорачува на администрацијата и на судовите кои треба да направат таква проценка да ги постават следниве прашања: дали ограничувањето во прашање е соодветно со оглед на легитимните интереси што се обидува да ги заштити, дали тоа е најмалку рестриктивното, дали тоа се обидува да ги избалансира интересите во прашање, дали видот на ограничување стимулира верска нетрпеливост и дали го избегнува стигматизирањето на одредена верска заедница?
93. Организацијата вмешувач понатаму забележува дека, како што е наведено од страна на Специјалниот известувач за слобода на религија или верување во привремениот извештај од 2011 г., забраната на дискриминација врз основа на пол често се истакнува во прилог на забрана на целосниот превез, кога всушност таквата забрана може да доведе до вкрстени дискриминации против муслиманските жени. Според неа, ова може да биде контрапродуктивно заради тоа што може да го има како последица затворањето на засегнатите жени дома, нивното исклучување од јавниот живот и маргинализирање, како и да ги изложи муслиманите на физичко и вербално насилство. Таа, исто така, констатира дека Парламентарното собрание на Советот на Европа, меѓудругото, им препорачало на земјите-членки да не се одлучат за општа забрана на носењето на целосен превез во јавноста.
94. Според организацијата вмешувач, меѓународните стандарди за правото на слобода на изразување, правото на слобода на мислење и религија и правото на еднаков третман и недискриминација не дозволуваат општо да се забрани покривањето на лицето во јавност.
г) Центарот за човекови права при Универзитетот во Гент (Gand)
95. Вмешувачот истакнува дека францускиот и белгискиот закон кои го забрануваат покривањето на лицето во јавност биле усвоени врз основа на претпоставката дека жените кои носат целосен превез го прават тоа главно под принуда, изразувајќи ја така својата желба да не комуницираат со другите членови на општеството и претставуваат закана за јавната безбедност. Меѓутоа, едно емпириското истражување спроведено под негово покровителство во Белгија врз дваесет и седум жени кои носат или носеле целосен превез (Е. Brems, Y. Janssens, K. Lecoyer, S. Ouald Chaib et V. Vandersteen, Wearing the Face Veil in Belgium: Views and Experiences of 27 Women Living in Belgium Concerning the Islamic Full Face Veil and the Belgian Ban on Face Covering), на кое се надоврзуваат истражувањата направени во Франција од страна на фондациите Open Society (видете го ставот 104 подолу) и во Холандија од страна на професорот А. Мурс (A. Moors), покажуваат дека оваа претпоставка е погрешна.
96. Според вмешувачот, овие истражувања покажуваат дека забраната не овозможува да се постигнат нејзините цели: таа има за последица да ги затвори засегнатите жени кај нив дома, што ги изолира и влијае на нивниот социјален живот и независност, и ги поттикнува нападите против нив. Тој, исто така, смета дека забраната е несразмерна, бидејќи јавниот простор е дефиниран многу широко, дека проблемите кои се однесуваат на јавната безбедност може да се решат со конкретната обврска да се идентификува со покажување на лицето и дека во современото општество има многу модалитети на комуникација што не бараат секој да го гледа лицето на другиот.
97. Според вмешувачот, освен тоа што ја повредува несразмерно слободата на вероисповед, забраната генерира индиректна и вкрстена дискриминација, врз основа на религијата и на полот, ги валидира стереотипите и го игнорира фактот дека жените со превез се ранлива малцинска група која бара посебно внимание.
98. Конечно, вмешувачот го повикува Судот да го разгледа овој случај во светлината на порастот на исламофобијата во многу европски земји. Организацијата вмешувач смета дека усвојувањето и спроведувањето на целосна забрана за покривање на лицата во јавност се уште поштетни затоа што се придружени со политички дискурс фокусиран на жените кои носат целосен исламски превез кој ги зајакнал негативните стереотипи и исламофобијата.
д) Невладината организација Liberty
99. Вмешувачот забележува дека законот од 11 октомври 2010 година, и покрај тоа што е формулиран со неутрални термини, се однесува на носењето на бурка, и се применува во целиот јавен простор, и дека жените во прашање се соочуваат со тежок избор или да останат дома, или да го извадат својот превез. Тој потсетува дека Конвенцијата е резултат на злосторствата кои ја одбележаа втората светска војна, дека ужасите направени против Евреите се оние кои довеле до вклучување на правото на слобода на вероисповед во списокот на основните права и дека оттогаш имало и други злосторства против човештвото извршени врз - барем делумно - религиозни основи. Тој додава дека постои тесна врска помеѓу религијата и расата.
100. Вмешувачот понатаму истакнува дека генералното регулирање на женската облека во јавност може не само да повреди многу основни права, туку, исто така да ги прекрши меѓународните и регионалните инструменти како што се Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Во однос на Конвенцијата, вмешувачот смета дека членовите 8, 9, 10 и 14 се вклучени. Тој смета дека трите елементи наведени во преамбулата на предлог законот за да се оправда забраната не се убедливи. Тој понатаму вели дека законот за забрана и дебатата околу ова прашање ја поттикнува стигматизацијата на муслиманите и ги охрабрува расистичките ставови против нив.
101. Во заклучок, вмешувачот забележува дека, додека многу феминистки меѓудругото сметаат дека целосниот превез ги снижува жените, влијае врз нивното достоинство и е израз на патријархатот, други го гледаат како симбол на нивната вера. Според него, не може да се реши оваа контроверзија со принудување на жените кои се чувствуваат обврзани да носат превез да останат дома или да се соочат со санкции; ова не ги ослободува жените и, најверојатно, ја поттикнува исламофобијата.
ѓ) Невладината организација Open Society Justice Initiative
102. Вмешувачот истакнува дека забраната на целосниот превез е критикувана во рамките на Советот на Европа и дека само Франција и Белгија се одлучиле за општа мерка од овој тип. Тој истакнува дека, и покрај тоа што француските и белгиските закони се неутрални во своите формулации, процесот од кој произлегуваат покажува дека нивната конкретна цел се никабот и бурката.
103. Вмешувачот понатаму забележува дека францускиот закон ги има за цел зачувувањето на јавната безбедност, еднаквоста меѓу мажите и жените и секуларизмот. Тој нагласува во врска со ова дека размислување засновано врз јавниот ред лесно може да дисимулира нетрпеливост кога верската слобода е во прашање. Повикувајќи се меѓу другото на пресудата Palau-Martinez c. France (бр. 64927/01, § 43, ЕСЧП 2003‑XII) тој додава дека државите можат да се повикаат на овој поим за да оправдаат мешање во остварувањето на право гарантирано со Конвенцијата само доколку се утврди дека постои конкретна закана за јавниот ред. Во однос на заштитата на еднаквоста помеѓу мажите и жените, тој забележува дека ваквата цел се базира на претпоставката дека носењето на превез е под принуда и ги става засегнатите жени во неповолна позиција, иако ниту еден од разгледаните елементи во рамките на законодавниот процес тоа не го покажува.
104. Вмешувачот, исто така, се повикува на извештајот од студија спроведена во Франција под покровителство на фондацијата Open society со триесет и две жени кои носат целосен превез, насловена Unveiling the Truth ; Why 32 Muslim Women Wear the Full-Face Veil in France и објавена во април 2011 година. Тој укажува дека од оваа студија произлегува меѓудругото дека анкетираните жени не го носеле превезот под принуда, дека многу од нив се одлучиле да го сторат против мислењето на нивното семејство, дека една третина од нив не го носеле секој ден и постојано и дека мнозинството од нив одржувале активен општествен живот. Од ова исто така произлегува дека забраната предизвикала незадоволство кај жените и предизвикала губење на независноста, и дека јавниот дискурс со кој таа била придружена ги охрабрил вербалните и физичките напади на членови на јавноста врз нив. Вмешувачот исто така прикажува мониторинг извештај изготвен во септември 2013 година. Тој вели дека од него произлегува дека најголем дел од овие жени продолжуваат да носат целосен превез, затоа што за нив се работи за тоа да ги изразат своите верски убедувања. Тој додава дека извештајот јасно покажува дека има значително влијание на забраната врз нивниот личен и семеен живот. Тој укажува меѓу другото дека извештајот покажува дека сите анкетирани жени се изјасниле дека нивната лична безбедност е влошена од донесувањето на забраната и зборуваат за малтретирање, а понекогаш и за физички напади кои произлегуваат од една атмосфера која ја поттикнува јавноста да преземе акции против жените кои носат целосен превез.
105. Во заклучок, вмешувачот тврди дека има европски консензус против забраната на носење целосен превез во јавност. Тој, исто така, го нагласува фактот дека целосните забрани се несразмерни кога се можни помалку интрузивни мерки, дека оправдувањата кои се повикуваат јавниот поредок мора да бидат конкретно засновани, дека мерките што се преземаат за да се промовира еднаквоста мора да биде објективно и разумно оправдани и ограничени во времето и дека оние кои имаат за цел обезбедување на секуларизмот мора да бидат строго неопходни.
3. Оценка на Судот
а) За наводната повреда на членовите 8 и 9 од Конвенцијата
106. Забраната за носење во јавниот простор на облека наменета да го скрие лицето поставува прашања кои се однесуваат на правото на почитување на приватниот живот (член 8 од Конвенцијата) на жените кои сакаат да носат целосен превез од причини врзани за нивните убедувања, како и на нивната слобода на изразување на истите (член 9 од Конвенцијата).
107. Судот така смета дека изборите кои ги правиме во врска со изгледот што сакаме да го имаме, во јавната сфера како и во приватната, се израз на личноста на секој човек и оттука на приватноста. Тој веќе така пресудил во врска со изборот на фризура (Popa c. Roumanie (одл.), бр. 4233/09, 18 јуни 2013, §§ 32-33 ; видете ја исто одлуката на Европската комисија за човекови права во случајот Sutter c. Suisse, бр. 8209/78 од 1ви март 1979). Тој смета, како и Комисијата (видете ги особено одлуките McFeeley et autres c. Royaume-Uni, бр. 8317/78, 15 мај 1980, § 83, Одлуки и извештаи (ОИ) 20 и Kara c. Royaume-Uni, бр. 36528/97, 22 октомври 1998), дека исто важи и за изборот на облеката. Мерка донесена од страна на јавен орган која ограничува избор од овој тип во принцип претставува мешање во правото на почитување на приватниот живот, според членот 8 од Конвенцијата (видете ја одлуката Kara наведена погоре). Од ова следи дека забраната за носење во јавниот простор на облека наменета да се скрие лицето која е утврдена со законот од 11 октомври, 2010 г. потпаѓа под членот 8 од Конвенцијата.
108. Значи, во онаа мера во која забраната е оспорена од страна на лица кои, како жалителката, се жалат дека како последица се спречени да носат во јавниот простор облека што почитувањето на нивната религија им диктира да ја носат, таа покренува првенствено проблем во однос на слободата на секој да ја изрази својата религија или убедување (видете, особено, Ahmet Arslan et autres c. Turquie, бр. 41135/98, § 35, 23 февруари 2010). Околноста дека оваа практика е малцинска и се чини оспорувана (...) е ирелевантна во овој поглед.
109. Судот значи ќе го разгледа овој дел од жалбата во однос на членот 8 и членот 9, но со акцент на втората од овие одредби.
i. За постоењето на „ограничување“ или „мешање“
110. Како што Судот претходно тоа го посочи (...), законот од 11 октомври 2010 година ја става жалителката пред дилема слична на онаа што тој ја идентификувал во пресудите Dudgeon и Norris : или таа ќе се потчини на забраната и ќе се откаже да се облече согласно изборот што и го диктира пристапот кон нејзината религија; или таа нема да се потчини на истата и се изложува на кривични казни. Таа така се наоѓа, во светлината на членот 9 од Конвенцијата како и на членот 8, во ситуација слична на онаа на жалителите Даџон (Dudgeon) и Норис (Norris), во чиј случај Судот утврдил „постојано мешање“ во остварувањето на правата загарантирани со втората од овие одредби (пресуди цитирани погоре, §§ 41 и 38, видете, исто така, Michaud, претходно наведена, § 92). Па така во овој случај има „мешање“ или „ограничување“ во остварувањето на правата заштитени со членовите 8 и 9 од Конвенцијата.
111. За да бидат компатибилни со вторите ставови од овие одредби, вакви ограничување или мешање мора да бидат „пропишани со законот“, мотивирани од една или повеќе легитимни цели кои ги наведуваат и „неопходни“, во „демократско општество“, за остварувањето на таа цел или цели.
ii. „Пропишано со закон“
112. Судот констатира дека ограничувањето во прашање е предвидено во членовите 1, 2 и 3 од Законот од 11 октомври 2010 година (став 28 погоре). Тој понатаму забележува дека жалителката не оспорува дека овие одредби ги исполнуваат критериумите утврдени со судската пракса на Судот во однос на членовите 8 § 2 и 9 § 2 од Конвенцијата.
iii. Легитимна цел
113. Судот потсетува дека листата на исклучоци за слободата на изразување на религијата или убедувањето содржани во вториот став од членот 9 е сеопфатна и дека дефиницијата на овие исклучоци, е рестриктивна (видете, меѓу другото Svyato-Mykhaylivska Parafiya c. Ukraine, бр. 77703/01, § 132, 14 јуни 2007, и Nolan et K. c. Russie, бр. 2512/04, § 73, 12 февруари 2009). За да биде компатибилна со Конвенцијата, ограничување на оваа слобода мора меѓу другото да биде мотивирано од цел сродна со оние наведени во таа одредба. Истиот пристап се наметнува во областа на членот 8 од Конвенцијата.
114. Праксата на Судот е да биде концизeн кога го проверува постоењето на легитимна цел, во рамките на значењето на вторите ставови од членовите 8 до 11 од Конвенцијата (видете, на пример, претходно наведени, Leyla Şahin, § 99, и Ahmet Arslan et autres, § 43).. Меѓутоа, во овој случај, содржината на целите наведени во овој поглед од страна на Владата и силно оспорени од страна на жалителката, бара темелно испитување. Жалителката така смета дека мешањето во остварувањето на слободата на изразување на вероисповеста и во правото на почитување на приватниот живот што таа го трпи заради забраната утврдена со законот од 11 октомври 2010 г. не одговора на ниту една од целите наведени во вториот став од членовите 8 и 9. Владата пак тврди дека има две легитимни цели: јавната безбедност и „почитувањето на основното јадро на вредности на едно демократско и отворено општество“ и Меѓутоа Судот забележува дека вториот став од членовите 8 и 9 не упатува експлицитно ниту на втората од овие цели нити пак на трите вредности кои Владата се повикува во овој поглед.
115. Што се однесува до првата од целите наведени од страна на Владата, Судот најпрво забележува дека „јавната безбедност“ е една од целите наведени во вториот став од член 9 од Конвенцијата (public safety во англискиот текст на одредбата) и дека вториот став од членот 8 се однесува на сличниот поим за „јавната сигурност“ (public safety исто така во англискиот текст на оваа одредба). Тoj потоа забележува дека Владата нагласува во врска со ова дека оспорената забрана за носење во јавниот простор на облека чија намена е да го скрие лицето одговара на потребата да се идентификуваат поединците со цел спречување на каква и да е штета на безбедноста на лицата и на добрата како како и борба против кражбата на идентитет. Во однос на предметот, може да се постави прашањето дали на законодавниот дом им придал доволно значење на ваквите преокупации. Сепак, треба да се констатира дека образложението во прилог на предлог законот наведувало - можеби и премногу - дека праксата на прикривање на лицето „[можела] да претставува во некои околности опасност за јавната безбедност“ (...), и дека Уставниот совет (Conseil constitutionnel) забележал дека законодавниот дом сметал дека оваа пракса можела да претставува опасност за јавната безбедност (...). Слично на ова, во својот студиски извештај од 25 март 2010 година, Државниот совет (Conseil d’Etat) укажа дека јавната безбедност би можела да биде основа за забрана за покривање на лицето, појаснувајќи меѓутоа дека тоа можело да биде така само во посебни околности (...). Оттука, Судот прифаќа дека со усвојување на спорната забрана, законодавното тело имало за цел да одговори на прашања за „јавна сигурност“ или „јавна безбедност“, во рамките на значењето на вториот став од членовите 8 и 9 од Конвенцијата.
116. За втората од наведените цели - „почитување на основното јадро на вредности на едно демократско и отворено општество" - Владата упатува на три вредности: почитувањето на еднаквоста помеѓу мажите и жените, почитување на достоинството на лицата и почитување на минималните барања што ги наметнува животот во општество. Тој смета дека оваа цел е поврзана со „заштитата на правата и слободите на другите“, во рамките на значењето на вториот став од членовите 8 и 9 од Конвенцијата.
117. Како што Судот тоа претходно го навел, ниту една од овие три вредности не одговара експлицитно на легитимните цели наведени во вториот став од членовите 8 и 9 од Конвенцијата. Меѓу нив, единствените кои се потенцијално релевантни во овој случај, во однос на овие вредности, се „јавниот ред“ и „заштита на правата и слободите на другите.“ Првата, меѓутоа, не е наведена во членот 8 § 2. Владата впрочем ова воопшто не го споменала ниту во своите писмени забелешки ниту во својот одговор на прашањето што и било поставено за тоа на рочиштето, споменувајќи ја само „заштитата на правата и слободите на другите.“ Судот, оттука, ќе се фокусира на разгледување на последната „легитимна цел“, како што тоа го беше сторил во случаите Leyla Şahin, и Ahmet Arslan et autres (наведени погоре, §§ 111 и 43, соодветно).
118. Најпрво, тој не е убеден од тврдењето на Владата што се однесува до почитувањето на еднаквоста помеѓу мажите и жените.
119. Тој не се сомнева дека еднаквоста помеѓу мажите и жените може да оправда мешање во уживањето на одредени права и слободи загарантирани со Конвенцијата (видете, мутатис мутандис, Staatkundig Gereformeerde Partij с. Pays-Bas (одл.), 10 јули 2012). Тој потсетува во овој поглед дека напредувањето кон родовата еднаквост денес е важна цел на земјите-членки на Советот на Европа (ibidem ; видете исто, меѓу другото, Schuler-Zgraggen c. Suisse, 24 јуни 1993, § 67, серија A бр. 263, и Konstantin Markin c. Russie [ГС], бр. 30078/06, § 127, ЕСЧП 2012 (извадоци)). Така, држава-членка која, во името на родовата еднаквост, забранува кој и да е да им наметнува на жените да ги кријат своите лица, следи цел која одговара на „заштитата на правата и слободите на другите“, во смисла на ставот 2 од членовите 8 и 9 од Конвенцијата (видете Leyla Şahin, претходно наведена § 111) . Судот, од друга страна, смета дека држава членка не може да се повика на родовата еднаквост за да забрани пракса на којашто жените - како што е жалителката - бараат да имаат право во рамките на остварувањето на правата загарантирани со овие одредби, освен ако се уважи дека така може да се тврди дека се штитат поединци на сметка на остварувањето на нивните основни права и слободи. Тој, исто така забележува дека, во својот студиски извештај од 25 март 2010 година, Државниот совет (Conseil d’Etat) донесе сличен заклучок (...).
Исто така, доколку Владата намерава така да нагласи дека носењето целосен превез од страна на некои жени го шокира поголемиот дел од населението во Франција бидејќи е спротивно на принципот на родовата еднаквост како што е општо прифатена во Франција, Судот упатува на причините во врска со двете други вредности на коишто се повикува (видете ставови 120-122 подолу).
120. Второ, Судот смета дека, колку и да е важно, почитување на достоинството на луѓето не може легитимно да ја оправда општата забрана за носење на целосен превез во јавниот простор. Судот е свесен дека облеката во прашање се смета за чудна од страна на многумина на оние кои ја набљудуваат. Сепак, тој истакнува дека, во својата различност, таа е израз на културен идентитет кој придонесува за плурализмот врз кој почива демократијата. Тој укажува, во овој поглед, на варијабилноста на концепциите за доблест и пристојност што се однесува до откривањето на телото. Покрај тоа, тoj не располага со ниту еден елемент што би можел да доведе до заклучок дека жените кои носат целосен превез сакаат да изразат еден вид презир кон оние со кои се среќаваат или на друг начин да го повредат достоинството на другите.
121. Трето, Судот смета од друга страна дека, под одредени услови, она што Владата го нарекува „почитување на минималните барања што ги наметнува општествениот живот“ - „живеењето заедно“, во преамбулата на предлог законот (...) - може да се поврзе со легитимната цел што ја претставува „заштитата на правата и слободите на другите“.
122. Судот го зема во предвид фактот дека тужената држава смета дека лицето има важна улога во општествената интеракција. Тој може да ја разбере гледната точка дека луѓето кои се наоѓаат на места отворени за сите сакаат во нив да не се развиваат пракси или ставови кои суштински ја доведуваат во прашање можноста за отворени интерперсонални односи кои, согласно еден утврден консензус, е неопходен елемент за заеднички живот во во рамките на општеството. Судот оттука може да уважи дека тужената држава ја увидува бариерата што ја поставува, во однос на другите, превезот кој го крие лицето како влијаејќи на правото на другите да еволуираат во простор на друштвена интеракција којшто го олеснува животот заедно. Сепак, флексибилноста на концептот на „живеењето заедно“ и ризикот да се претера што него потекнува му наметнуваат на Судот да пристапи кон внимателно испитување на неопходноста на оспореното ограничување.
IV. Неопходно во едно демократско општество
α. Општи принципи во врска со членот 9 од Конвенцијата
123. Со оглед на тоа што Судот одлучи да се фокусира на членот 9 од Конвенцијата во испитувањето на овој дел од жалбата, тој смета дека е корисно да потсети на општите принципи врзани за оваа одредба.
124. Како што е утврдена во членот 9, слобода на мислата, совеста и религијата е еден од темелите на „демократско општество“ во смисла на Конвенцијата. Оваа слобода е наведена, во својата верска димензија, меѓу најважните елементи на идентитетот на верниците и на нивното сфаќање на животот, но таа, исто така, е скапоцен за атеистите, агностиците, скептиците или рамнодушните. Се работи за плурализмот - за чие освојување требало да се плати висока цена во текот на вековите - кој не може да се одвои од такво општество. Оваа слобода ја подразбира, меѓу другото, онаа да се пристапи или не на дадена религија и онаа таа да се практикува или не (видете, меѓу другото, Kokkinakis с. Grèce, 25 мај 1993, § 31, серија A бр. 260-A, Buscarini et autres c. Saint-Marin [ГС], бр, 24645/94, § 34, ЕСЧП 1999-I, и Leyla Şahin, претходно наведена, § 104).
125. Ако слободата на религијата првенствено се однесува на индивидуалното убедување, таа исто така ја вклучува слободата на изразување на својата вера поединечно и во приватниот живот, или на колективен начин, јавно и во кругот на оние кои ја споделуваат истата вера. Членот 9 ги наведува различните форми кои може да ги има изразувањето на религија или на верување, поточно богослужбата, веронауката, верските обичаи и обреди (видете, mutatis mutandis, Cha’are Shalom Ve Tsedek c. France [ГС], бр. 27417/95, § 73, ЕСЧП 2000-VII, и Leyla Şahin претходно наведена, § 105).
Членот 9, сепак, не штити кое и да е дејство мотивирано или инспирирано од религија или убедување и не го гарантира секогаш правото на однесување во јавниот простор на начин диктиран или инспириран од религијата или убедувањето (видете, на пример, Arrowsmith c. Royaume-Uni, бр. 7050/75, извештај на Комисијата од 12 октомври 1978, DR 19, Kalaç c. Turquie, 1ви јули 1997, § 27, Збирка на пресуди и одлуки 1997‑IV, и Leyla Şahin, претходно наведена, §§ 105 и 121).
126. Во едно демократско општество, каде што неколку религии коегзистираат кај исто население, може да се покаже нужно да се придружи слободата на изразување на религијата или на убедувањата со ограничувања кои имаат својство да ги помират интересите на различните групи и да обезбедат почитување на убедувањето на секого (Kokkinakis, претходно наведена, § 33). Ова произлегува истовремено од ставот 2 на членот 9 и од позитивните обврски на државата според членот 1 од Конвенцијата да му ги признае на секое лице, под нејзина надлежност, ,правата и слободите утврдени во Конвенцијата (Leyla Şahin, претходно наведена § 106).
127. Судот често ја истакнал улогата на државата како неутрален и непристрасен организатор на остварувањето на различни религии, верски обреди и верувања, и назначил дека оваа улога помогнала да се обезбеди јавниот ред, верската хармонија и толеранцијата во едно демократско општество. Како што е наведено претходно, тој, исто така, верува дека должноста за неутралност и непристрасност на државата е неспојлива со каква и да е моќ за слободно одлучување од страна на истата во однос на законитоста на религиозните верувања или на начините на изразување на овие (видете, меѓу другото, Manoussakis et autres c. Grèce, 26 септември 1996, § 47, Збирка 1996-IV, Hassan et Tchaouch c. Bulgarie [ГС], бр. 30985/96, § 78, ЕСЧП 2000-XI, и Refah Partisi (Parti de la prospérité) et autres c. Turquie [ГС], бр. 41340/98, 41342/98, 41343/98 и 41344/98, § 91, ЕСЧП 2003-II), и смета дека оваа обврска и наметнува на државата да се осигура дека спротиставени групи се толерираат (видете, меѓудругото, Leyla Şahin, претходно наведена, § 107). Тој оттука заклучи дека улогата на властите во овој случај не е да ја отстрани причината за тензиите со елиминирање на плурализмот, туку да се осигура дека спротиставените групи се толерираат меѓусебно (Serif с. Grèce, бр. 38178/97, § 53, ЕСЧП 1999-IX ; видете ја исто Leyla Şahin, претходно наведена, § 107).
128. Плурализам, толеранција и слободоумие се белегот на „демократско општество“. И покрај тоа што понекогаш треба да се подредат индивидуалните интереси на оние на групата, демократијата не значи само постојана надмоќ на ставот на мнозинството, тукубара постигнување на рамнотежа која им гарантира правичен третман на луѓето од малцинствата и која избегнува каква и да е злоупотреба на доминантната позиција (видете, mutatis mutandis, Young, James et Webster c. Royaume-Uni, 13 август 1981, § 63, серија A бр 44, и Chassagnou et autres c.. France [ГС], бр. 25088/94, 28331/95 и 28443/95, § 112, ЕСЧП 1999-III). Плурализмот и демократијата, исто така, мора да се засноваат на дијалогот и на дух на компромис, кои нужно вклучуваат разни концесии од страна на поединците кои се оправдани заради заштитата и унапредувањето на идеалите и вредностите на демократското општество (видете, mutatis mutandis, Parti communiste unifié de Turquie et autres, претходно наведена, § 45, и Refah Partisi (Parti de la prospérité) et autres, претходно наведена, § 99). Ако „правата и слободите на другите“ се наведени меѓу оние кои се загарантирани со Конвенцијата или нејзините Протоколи, мора да се признае дека неопходноста тие да се заштитат може да ги наведе државите да ограничат други права или слободи исто така содржани во Конвенцијата : токму таа постојана потрага по рамнотежа меѓу основните права на секоја индивидуа која ја сочинува основата на „демократско општество“ (Chassagnou et autres, § 113; видете исто така Leyla Şahin, претходно наведена § 108).
129. Треба, исто така, да се потсети на фундаментално субсидијарната улога на механизмот на Конвенцијата. Националните власти уживаат непосреден демократски легитимитет и, како што тоа Судот го тврдеше во неколку наврати, тие во принцип се во подобра позиција од меѓународниот судија за да се произнесат за локалните потреби и услови. Кога општи политички прашања се во игра, за кои во една демократска држава разумно можат да постојат длабоки разлики, потребно е да се придаде посебно значење на улогата на националниот одлучувач (видете, на пример, Maurice с. France [ГС], бр. 11810/03, § 117, ЕСЧП 2005‑IX). Ова е особено вака кога тие прашања се однесуваат на односите меѓу државата и религиите (видете, mutatis mutandis, Cha’are Shalom Ve Tsedek, претходно наведена, § 84, и Wingrove c. Royaume-Uni, 25 ноември 1996, § 58, Збирка 1996-V ; видете исто Leyla Şahin, претходно наведена, § 109). Што се однесува до членот 9 од Конвенцијата, соодветно е тогаш, во принцип, на државата да и се уважи широк простор за слободна проценка во одлучувањето дали и во која мера ограничување на правото на изразување на религијата или на убедувањата е „неопходно“. Меѓутоа, за да се утврди ширината на просторот за слободна проценка во даден случај, Судот, исто така, мора да ја земе во предвид специфичноста на случајот (видете, меѓу другото, Manoussakis et autres, претходно наведена, § 44, и Leyla Şahin, претходно наведена, § 110).. Тој, исто така, може, доколку е потребно, да ги земе предвид консензусот и заедничките вредности кои произлегуваат од праксата на државите членки на Конвенцијата (видете, на пример, Bayatyanc. Arménie [ГС], бр. 23459/03, § 122, ЕСЧП 2011).
130. Во случајот Leyla Şahin, Судот истакна дека ова особено било случај кога станува збор за регулирање на носењето верски симболи во образовните установи, уште повеќе со оглед на различноста на националните пристапи кон ова прашање. Упатувајќи на пресудата Otto-Preminger-Institut c. Autriche (20 септември 1994, § 50, серија A бр. 295-A) и на одлуката Dahlab c. Швајцарија (бр. 42393/98, ЕСЧП 2001-V), тој појасни дека навистина не било можно да се увиди низ Европа униформно сфаќање за значењето на религијата во општеството и дека значењето или влијанието на чиновите кои соодветствуваат на јавното изразување на религиозно уверување се разликува според времето и контекстот. Тој забележа дека регулативата во оваа област може да се разликува од една до друга земја во зависност од националните традиции и барањата предвидени со заштитата на правата и слободите на другите и одржувањето на јавниот ред. Тoj од ова заклучил дека изборот што се однесува до обемот и модалитетите на ваквата регулатива мора, по силата на нештата, да и биде до одреден степен оставен на засегната државата, бидејќи тоа зависи од засегнатиот домашен контекст (Leyla Şahin, § 109).
131. Овој простор за слободно одлучување, сепак, оди рака под рака со европскиот надзор кој ги опфаќа истовремено и законот и одлуките што го применуваат. Задачата на Судот е да се утврди дали мерките што се преземени на национално ниво се оправдани во принцип и пропорционални (видете, Manoussakis et autresпретходно наведена, § 44, и Leyla Şahin, претходно наведена, § 110).
β. Примена на овие принципи во претходни случаи
132. Судот ги имаше прилика да испита неколку ситуации во светлината на овие принципи.
133. Тој така се има произнесено за забраната за носење верски симболи во јавни образовни установи која се однесуваше на наставниците (видете,меѓу другото, Dahlab, претхдно наведена, eи Kurtulmuş c. Turquie (одл.), бр. 65500/01, ЕСЧП 2006-II) или на учениците и ученичките (видете, меѓудругото, Leyla Şahin, претходно наведена пресуда, Köse et autres c. Turquie (одл.), бр. 26625/02, ЕСЧП 2006-II, Kervanci c. France, бр. 31645/04, 4 декември 2008, Aktas c. France (одл.), бр. 43563/08, 30 јуни 2009, и Ranjit Singh c. France (одл.), бр. 27561/08, 30 јуни 2009), за обврската да се соблече елемент на облека со религиозна конотација во рамките на безбедносна контрола (Phull c. France (одл.), бр. 35753/03, ЕСЧП 2005‑I, и El Morsli c. France (одл.), бр. 15585/06, 4 март 2008), и за обврската да се биде со гола глава на фотографиите за лични документи (Mann Singh c. France (одл.), бр. 24479/07, 11 јуни 2007). Тој не утврдил повреда на членот 9 во ниту еден од овие случаи.
134. Судот, исто така, испитал две жалби каде што лица се жалеле особено на ограничувања од страна на нивните работодавци што се однесува до можноста да носат крст околу вратот на видлив начин, и тврделе дека националниот закон не го штител соодветно нивното право да ја изразат својата вера. Едната од нив била вработена во авиокомпанија, а другата била медицинска сестра (Eweida et autres, претходно наведна). Првиот случај, во кој Судот утврдил повреда на членот 9, е најрелевантниот во овој случај. Судот имено оценил дека домашните судови дале премногу важност на - легитимната - желба на работодавачот да даде приоритет на одреден комерцијален имиџ во однос на основното право на жалителката да ги изразува своите верски убедувања. Во однос на оваа последна точка, Судот нагласил дека здраво демократско општество треба да ги толерира и поддржува плурализмот и разновидноста, и дека е важно еден човек за кого религијата е основен дел од неговиот живот да биде во можност да ги искомуницира своите верувања на другите. Тој потоа истакнал дека крстот, за кој станувало збор бил дискретен и не можел да влијае на професионалниот изглед на жалителката и дека не било покажано дека некогаш дозволеното носење религиозни симболи имало негативно влијание врз имиџот на авио компанијата која ја вработувала истата. Истовремено истакнувајќи дека националните власти - особено судовите - имаат простор за слободна проценка кога тие треба да ја оценат сразмерноста на мерките преземени од приватна фирма во однос на своите вработени, тој заклучил дека имало повреда на членот 9.
135. Судот исто така го разгледал, во случајот Ahmet Arslan et autres претходно наведен, прашањето на забраната за носење, надвор од религиозните церемонии, некои религиозни облеки на јавни места отворени за сите како што се јавните патишта или места. Облеката во прашање, карактеристична за групата Aczimendi tarikati, се состоела од турбан, саруал и туника, сите со црна боја, и била придружена со стап. Судот прифатил, со оглед на околностите на случајот и на одлуките на домашните судови, а особено во поглед на значењето на принципот на секуларизмот за демократскиот систем во Турција, дека, во онаа мера во која што тоа имало за цел да обезбеди почитување на секуларните и демократски принципи, ова мешање се обидувало да постигне неколку од легитимните цели наведени во членот 9 § 2: одржувањето на јавната безбедност, заштитата на јавниот ред и заштита на правата и слободите на другите. Сепак, тој просудил дека неговата неопходност во однос на овие цели не била утврдена.
Судот така нагласи дека забраната не ги погодувала државните службеници обврзани на одредена дискреција во извршувањето на нивните функции, туку обичните граѓани, така што неговата судска пракса во врска со државните службеници - со наставниците особено - немала простор за примена. Тој потоа констатирал дека таа се однесувала на облеката што се носела не во специфични јавни институции, туку во секој јавен простор, така што неговата судска пракса која ја нагласува особено важноста на улогата на националниот одлучувач што се однесува до забраната на носењето верски симболи во државните училишта, исто така немала простор за примена. Судот освен тоа забележал дека не произлегувало од предметот дека начинот на којшто жалителите - кои се биле собрале пред џамија во облеката во прашање, со единствена цел да учествуваат на верски обред - ги изразиле своите верувања со помош на специфична облека можел да претставува закана за јавниот ред или притисок врз другите. Конечно, во одговор на тезата на турската влада која се повикува на можен прозелитизам од страна на жалителите, тој констатирач дека ниту еден елемент од предметот не укажал дека тие се обиделе да извршат прекумерен притисок врз минувачите на јавните патишта и места со желба да ги промовираат своите верски убедувања. Судот оттука утврдил повреда на членот 9 од Конвенцијата.
136. Меѓу сите овие случаи кои се однесуваат на членот 9, случајот Ahmet Arslan et autres е оној кој најмногу се доближува до овој случај. Меѓутоа, ако двата случаи се однесуваат на забраната за носење облека со верска конотација во јавниот простор, овој случај значително се разликува од случајот Ahmet Arslan et autres со тоа што целосниот исламски превез е специјална облека со оглед на тоа што го крие сосем лицето со можен исклучок на очите.
γ.Примена на овие принципи во односниот случај
137. Судот посочува на прво место дека тезата на жалителката и на некои од вмешувачите според која забраната што ја установуваат членовите од 1 до 3 од законот од 11 Октомври 2010 г. наводно се базира на погрешната претпоставка дека засегнатите жени носат целосен превез под принуда не е релевантна. Така навистина јасно произлегува од преамбулата на предлог законот (...) дека оваа забрана ја нема за главна цел заштитата на жените против пракса која би им била наметната или штетна.
138. Откако ова ќе го појасни, Судот мора да утврди дали спорното вмешување е „неопходно“, „во едно демократско општество“ за јавната сигурност или јавната безбедност (во смисла на членовите 8 и 9 од Конвенцијата; видете го ставот 115 погоре) или за „заштитата на правата и слободите на другите“ (видете став 116 погоре).
139. Кога се работи за неопходноста што се однесува на безбедноста или јавната сигурност, во смисла на членовите 8 и 9 (видете став 115 погоре), Судот разбира дека една држава смета дека е од суштинско значење да може да се идентификуваат поединци заради спречување на повредите на безбедноста на луѓето и имотот и заради борба против кражбата на идентитет. Судот впрочем заклучил дека немало повреда на членот 9 од Конвенцијата во случаи врзани за обврската за соблекување на елемент на облека со религиозна конотација во рамките на безбедносна контрола и обврската да се биде гологлав на фотографиите за официјални документи (став 133 погоре). Сепак, со оглед на нејзиното влијание врз правата на жените кои сакаат да носат целосен превез од религиозни причини, апсолутна забрана за носење во јавниот простор на облека чија намена е да го скрие лицето може да се смета за пропорционална само во случај на контекст каде постои општа закана за јавната безбедност. Меѓутоа владата не покажува дека забраната што ја востановува законот од 11 октомври 2010 година се впишува во таков контекст. Што се однесува до засегнатите жени, тие се должни целосно да се откажат од дел од нивниот идентитет што го сметаат за важен како и од начинот на изразување на нивната религија или убедувања што тие самите го избрале, кога целта што ја наведува Владата би се постигнала со едноставна обврзаност да ги покажат своите лица и да се идентификуваат кога постои ризик за безбедноста на луѓето и имотот или кога посебни околности водат до постоење на сомневање за кражба на идентитет. Така, не може да се прифати дека општата забрана што ја востановува законот од 11 октомври 2010 година е неопходна во едно демократско општество, за јавната безбедност или јавната сигурност, во смисла на членовите 8 и 9 од Конвенцијата.
140. Треба исто да се разгледа она што е во врска со другата цел што Судот ја смета за легитимна: грижата за тоа да се исполнат минималните барања на општествениот живот како дел од „заштитата на правата и слободите на другите“ (видете ставови 121-122 погоре).
141. Судот забележува дека се работи за цел на која властите и дале многу тежина. Ова произлегува особено од преамбулата на предлог законот, во која се наведува дека „ако доброволното и систематско криење на лицето претставува проблем, тоа е затоа што е едноставно спротивно на основните барања на „живеењето заедно“ во француското општество и дека „систематското прикривање на лицето во јавниот простор, спротивно на идејата за братство, не го исполнува (...) минималниот услов на цивилност потребна за општествениот однос“ (...). A во државните функции со сигурност спаѓа обезбедување на условите за поединците да живеат заедно во нивната различност. Од друга страна, Судот може да прифати дека една држава смета дека е клучно да и се даде во овој контекст посебно внимание на интеракцијата помеѓу поединците и дека смета дека оваа интеракција е попречена заради фактот што некои ги кријат своите лица на јавни места (став 122 погоре).
142. Следствено, Судот смета дека спорната забрана може да се смета за оправдана во принцип само во онаа мера до кој таа се обидува да обезбеди услови за „живеење заедно“.
143. Останува да се утврди дали оваа забрана е пропорционална во однос на целта.
144. Некои од аргументите што ги развиваат жалителката и невладините организации вмешувачи заслужуваат посебно внимание.
145. Така, точно е дека бројот на засегнатите жени е мал. Навистина, од извештајот „за праксата на носење целосен превез на националната територија“, подготвен од страна на мисијата на информирање на Националното собрание и доставен на 26 јануари 2010 година, произлегува дека околу 1 900 жени носеле целосен исламски превез во Франција на крајот на 2009 година, од кои околу 270 се наоѓале во прекуморските територии (...). Овој број е со мал обем во однос на шеесет и петте милиони жители на Франција и на бројот на муслиманите кои живеат во неа. Според тоа, може да изгледа непропорционално да се одговори на ваква состојба со закон за општа забрана.
146. Покрај тоа, не постои сомнеж дека забраната има силно негативно влијание врз ситуацијата на жените кои, како и жалителката, избрале да носат целосен превез заради причини врзани за нивните убедувања. Како што е наведено претходно, таа ги става пред комплексна дилема, и може да има за последица да ги изолира и да влијае на нивната автономија како и на нивната слобода на изразување на нивните убедувања и на нивното право на почитување на приватниот живот. Покрај тоа, разбирливо е дека засегнатите гледаат на оваа забрана како на напад на нивниот идентитет.
147. Треба впрочем да се констатира дека многу меѓународни како и национални чинители на заштитата на основните човекови права сметаат дека општата забрана е несразмерна. Тоа е точно особено за националниот консултативен комитет за човекови права (...), за невладини организации како што се вмешувачите, за Парламентарното собрание на Советот на Европа (...) и за Комесарот за човекови права (...).
148. Судот исто така е свесен дека законот од 11 октомври 2010 година, и одредени контроверзи кои го придружуваа неговото изготвување, можеле да бидат болни за дел од муслиманската заедница , вклучувајќи ги и оние нејзини членови кои не се за носењето целосен превез.
149. Во однос на ова, Судот е многу загрижен заради информациите доставени од страна на одредени вмешувачи според кои исламофобични искази ја обележале дебатата која му претходела на усвојувањето на Законот од 11 октомври 2010 година (видете коментари на Центарот за човекови права од Универзитетот во Гент и невладините организации Liberty и Open Society Justice Initiative; членови 98, 100 и 104 погоре). Тоа секако не е негова должност да се произнесе за можноста да се донесуваат закони за ова прашање. Сепак, тој истакнува дека една држава која се ангажира во законодавен процес од овој тип ризикува да придонесе за консолидација на стереотипите кои влијаат на одредени категории на лица и да го поттикне изразувањето на нетолеранција, кога всушност наместо тоа таа треба да промовира толеранција (став 128 погоре; видете го исто гледиштето на Комесарот за човекови права, ...). Судот потсетува дека искази кои се карактеристични за општ и страствен напад врз група идентификувана врз основ на верска или етничка припадност не се во согласност со вредностите на толеранција, социјалниот мир и недискриминација врз кои се заснова Конвенцијата и не спаѓаат во опсегот на правото на слобода на изразување што таа го утврдува (видете, меѓу другото, Norwood с. Royaume-Uni (одл.), бр. 23131/03, ЕСЧП 2004‑XI, и Ivanov c. Russie (одл.), бр.o 35222/04, 20 февруари 2007).
150. Другите аргументи презентирани за поддршка на барањето, од друга страна, мора да бидат понијансирани.
151. Така, ако е точно дека опфатот на забраната е широк бидејќи сите места достапни на јавноста се засегнати (освен верските објекти), законот од 11 октомври 2010 г. не влијае врз слободата да се носи во јавниот простор која и да е облека или кој и да е елемент од облека - со или без верска конотација - кои не го покриваат лицето. Судот е свесен за фактот дека товарот на оспорената забрана во најголем дел паѓа врз муслимански жени кои сакаат да носат целосен превез. Сепак, тој придава големо значење на фактот дека оваа забрана не е експлицитно заоснована на верската конотација на засегнатата облека туку врз самиот факт дека таа го крие лицето. Ова го разликува конкретниот случај од случајот Ahmet Arslan et autres наведен погоре.
152. Што се однесува до фактот дека забраната е придружена со кривични казни, тоа веројатно го зголемува влијанието на истата врз засегнатите. Така, разбирливо е дека да бидат гонети заради тоа што ги сокриле своите лица во јавниот простор претставува траума за жените кои избрале да носат целосен превез заради причини врзани за нивните убедувања. Сепак, треба да се земе во предвид фактот дека санкциите донесени од страна на законодавецот се меѓу најлесните што тој можел да ги предвиди, бидејќи се работи за парична казна предвидена за прекршоци од втора класа дела (односно, во моментов 150 евра максимум), со можноста за судијата да донесе пресуда, истовремено со или на место на паричната казна, да треба да се заврши стаж за граѓанство.
153. Покрај тоа, се разбира, како што тоа го подвлекува жалителката, забранувајќи им на сите да носат во јавниот простор облека наменета да го прикрие лицето, тужената државата го ограничува на одреден начин полето на на плурализмот, со оглед на тоа дека забраната спречува некои жени да ја изразат својата индивидуалност и своите убедувања со носење на целосен превез во јавноста. Сепак, таа од своја страна укажува дека се работи е за неа да одговори на пракса која ја смета некомпатибилна во француското општество, во поглед на модалитетите за општетствена комуникација и, пошироко, во поглед на „живеењето заедно“. Во оваа перспектива, тужената држава има намера да заштити модалитет на интеракција меѓу поединците, од суштинско значење за неа не само за изразување на плурализмот, туку, исто така, на толеранцијата и слободоумието, без кои не постои демократско општество (видете став 128 погоре). Се чини така дека прашањето за прифаќањето или не на носењето на целосниот превез на јавни места претставува општествен избор.
154. Меѓутоа, во еден таков случај, Судот мора да покаже воздржаност во извршувањето на контролата на конформитетот (contrôle de conventionalité), кога тој треба да процени арбитража спроведена во согласност со демократските процедури во рамките на компанијата во прашање.Тој впрочем веќе потсетил дека, кога се работи за политички прашања, во однос на кои разумно можат да постојат длабоки разлики во една демократска држава, потребно е да се даде посебно значење на улогата на националнииот одлучувач (став 129 погоре).
155. Со други зборови, Франција, во овој случај располагала со широк простор за слободна проценка.
156. Ова е сè повеќе така со оглед на тоа што нема заеднички став меѓу државите членки на Советот на Европа (видете, mutatis mutandis X, Y и Z c. Royaume-Uni, 22 април 1997 година, § 44, Збирка 1997-II) за прашањето на носење целосен превез на јавни места. Судот така забележува дека, спротивно на она што го тврди еден од вмешувачите (став 105 погоре), не постои европски консензус против забраната. Секако, од строго нормативен аспект, Франција е во малцинска состојба во Европа: освен Белгија, ниту една друга членка на Советот на Европа досега не се одлучила за ваква мерка. Сепак, треба да се напомене дека прашањето на носењето целосен превез во јавниот простор е или било дебатирано во повеќе европски земји. Во некои, било одлучено да не ја изберат опцијата за општа забрана. Во други, таквата забрана може да биде земена во предвид (став 40 погоре). На ова треба да се додаде дека, веројатно, прашањето на носењето целосен превез на јавни места едноставно не се поставува во одреден број на земји-членки каде што таа пракса не постои. Така се чини дека во Европа нема консензус за ова прашање, било да се работи за или против општа забрана на носење целосен превез на јавни места.
157. Како резултат на тоа, особено во поглед на ширината на просторот за слободна проценка со кој располагала тужената држава во овој случај, Судот заклучува дека забраната што произлегува од законот од 11 октомври 2010 година може да се смета за пропорционални со саканата цел, имено, зачувувањето на условите на „живеењето заедно“ како елемент од „заштита на правата и слободите на другите“
158. Оспореното ограничување може значи да се смета за „неопходно“, „во едно демократско општество“. Овој заклучок важи во однос на членот 8 од Конвенцијата, како и на членот 9.
159. Според тоа, немало повреда ниту на членот 8 ниту на членот 9 од Конвенцијата.
б) За наводната повреда на членот 14 од Конвенцијата заедно со членот 8 или членот 9 од Конвенцијата
160. Судот забележува дека жалителката се жали на индиректната дискриминација. Таа вели во овој поглед дека како жена муслиманка која сака да носи целосен превез на јавни места поради религиозни причини, таа припаѓа на категорија на лица особено изложени на забраната во прашање и на санкциите со кои е придружена.
161. Судот потсетува дека општа политика или општа мерка кои имаат несразмерно штетни ефекти врз група луѓе може да се сметаат за дискриминаторски, дури и тие да ја немаат специфично за цел оваа група и да немаат дискриминаторска намера ( видете особено D.H. et autres c. République tchèque [ГС], бр. 57325/00, §§ 175 и 184-185, ЕСЧП 2007-IV). Ова, сепак, е вака само ако оваа политика или мерка немаат „објективно и разумно“ оправдување , односно, ако тие немаат „легитимна цел“ или ако нема „разумен однос на пропорционалност“ помеѓу употребените средства и целта која треба да се постигне (истата пресуда, § 196). Меѓутоа во овој случај, доколку може да се смета дека забраната која произлегува од законот од 11 октомври 2010 година има одредени негативни ефекти врз состојбата на жените муслиманки кои, поради религиозни причини, сакаат да носат целосен превез на јавни места, оваа мерка има објективно и разумно оправдување заради причините наведени погоре (ставови 144-159 погоре).
162. Според тоа, немало повреда на членот 14 од Конвенцијата заедно со членот 8 и членот 9 од Конвенцијата.
(...)
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
(...)
3. Одлучи, со пет гласови против два, дека немало повреда на членот 8 од Конвенцијата;
4. Одлучи, со петнаесет гласови против два, дека немало повреда на членот 9 од Конвенцијата;
5. Одлучи, едногласно, дека немало повреда на членот 14 од Конвенцијата заедно со членот 8 и членот 9 од Конвенцијата;
(...)
Изготвено на англиски и француски јазик, и прочитано на јавна расправа во Палатата на човекови права, во Стразбур, на 1-ви јули 2013 година.
Ерик Фриберг Дин Шпилман
СекретарПретседател
Кон оваа пресуда, согласно членот 45 став 2 од Конвенцијата и став 2 од членот 74 на правилникот, прикачено е експозето на заедничкото делумно издвоено мислење на судиите Нусберже и Јадерблом.
Д.С.
E.Ф.
Издвоеното мислење не е преведено, но тоа е дел од официјалните верзии на пресудата на англиски јазик и француски јазик кои може да се најдат во датабазата на судската пракса на Судот - HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy