© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската пракса на Судот Бр. 176
Јули 2014
С.А.С. (S.A.S.) против Франција [ГС] - 43835/11
Пресуда 1.7.2014 [ГС]
Член 8
Член 8-1
Почитување на приватниот живот
Забрана за носење на верска облека која го крие лицето во јавниот простор : нема повреда
Член 9
Член 9-1
Изразување на својата религија или убедување
Забрана за носење на верска облека која го крие лицето во јавниот простор : нема повреда
Член 14
Дискриминација
Забрана за носење на верска облека која го крие лицето во јавниот простор : нема повреда
Факти- Жалителката, верник муслиман, носи бурка и никаб кои целосно го покриваат нејзиното тело со исклучок на очите со цел да биде во согласност со својата вера, култура и лични убедувања. Таа вели дека ја носи оваа облека доброволно, во јавниот и во приватниот просто , но не систематски. Така, таа се согласува да не го носи цело време во одредени прилики, но сака да може да го прави тоа кога ќе избере. Таа изјавува дека нејзината цел не е да предизвика непријатно чувство кај другите туку да биде во согласност со себе си. Од 11-ти април 2011 година, денот на влегувањето во сила на Законот бр. 2010-1192 од 11 октомври 2010 година, на целата територија на Република Франција, забрането е за секого да го крие своето лице во јавниот простор
Право - Член 8 и член 9: Забраната за носење во јавниот простор на облека наменета да го скрие лицето поставува прашања во однос на правото на почитување на приватниот живот (член 8 од Конвенцијата) на жените кои сакаат да носат целосен превез од причини врзани за нивните убедувања, и во онаа мера во која забраната е оспорена од страна на лица кои, како жалителката, се жалат дека како последица на истата се спречени да носат во јавниот простор облека што почитувањето на нивната религија им диктира да ја носат, таа покренува првенствено проблем во однос на слободата на секој да ја изрази својата религија или своите убедувања (член 9 од Конвенцијата).
Законот од 11 октомври 2010 година ја става жалителката пред дилема: или таа ќе се потчини на забраната и ќе се откаже од тоа да се облекува согласно изборот што и го диктира пристапот кон нејзината религија; или таа нема да се потчини на истата и се изложува на кривични казни.* Во овој случај има значи „мешање“ или „ограничување“ предвидено со законот во остварувањето на правата заштитени со членовите 8 и 9 од Конвенцијата.
Владата тврди дека мешањето има две легитимни цели: јавната безбедност и „почитувањето на основното јадро на вредности на едно демократско и отворено општество“. Меѓутоа вториот став од членовите 8 и 9 не упатува експлицитно ниту на втората од овие цели нити пак на трите вредности на кои Владата се повикува во овој поглед.
Судот прифаќа дека со усвојување на спорната забрана, законодавното тело имало за цел да одговори на прашања за „јавна сигурност“ или „јавна безбедност“, во рамките на значењето на вториот став од членовите 8 и 9 од Конвенцијата.
За втората од наведените цели, односно, „почитување на основното јадро на вредности на едно демократско и отворено општество" **, Судот не е убеден од тврдењето на Владата што се однесува до почитувањето на еднаквоста помеѓу мажите и жените. Навистина, држава страна не може да се повика на родовата еднаквост за да забрани пракса на којашто жените - како што е жалителката - бараат да имаат право во рамките на остварувањето на правата загарантирани со овие одредби, освен ако се уважи дека така може да се тврди дека се штитат поединци на сметка на остварувањето на нивните основни права и слободи. Од друга страна, доколку Владата намерава така да нагласи дека носењето целосен превез од страна на некои жени го шокира поголемиот дел од населението во Франција бидејќи е спротивно на принципот на родовата еднаквост како што е општо прифатено во Франција, Судот упатува на причините кои се однесуваат на двете други вредности на коишто се повикува подоле.
Второ, почитувањето на достоинството на луѓето не може легитимно да послужи како основа за општата забрана за носење на целосен превез во јавниот простор. Облеката во прашање што многумина од оние кои ја набљудуваат е увидена како чудна е меѓутоа во својата различност израз на културен идентитет кој придонесува за плурализмот врз кој почива демократијата.
Трето, под одредени услови, она што Владата го карактеризира како „почитување на минималните барања што ги наметнува општествениот живот“ - „живеењето заедно“, во преамбулата на предлог законот (...) - може да се поврзе со легитимната цел што ја сочинува „заштитата на правата и слободите на другите“.Тужената држава смета дека лицето има важна улога во општествената интеракција. Судот оттука може да уважи дека тужената држава ја гледа бариерата што ја поставува, во однос на другите, превезот кој го крие лицето како влијаејќи на правото на другите да еволуираат во простор на друштвена интеракција кој го олеснува животот заедно. Сепак, флексибилноста на концептот на „живеењето заедно“ и опасноста да се претера што од неа потекнува му наметнуваат на Судот да пристапи кон внимателно испитување на неопходноста на оспореното ограничување.
Најпрво, јасно произлегува од преамбулата на предлог законот дека оваа забрана нема за главна цел да ги заштити жените од пракса која би им била наметната или која би била штетна за нив.
Кога се работи за неопходноста во однос на безбедноста или јавната сигурност, во смисла на членовите 8 и 9 (видете став 115 погоре), Судот разбира дека една држава смета дека е од суштинско значење да може да се идентификуваат поединци заради спречување на повредите на безбедноста на луѓето и имотот и заради борба против кражбата на идентитет. Сепак, со оглед на нејзиното влијание врз правата на жените кои сакаат да носат целосен превез од религиозни причини, апсолутна забрана за носење во јавниот простор на облека чија намена е да го скрие лицето може да се смета за пропорционална само во случај на контекст каде постои општа закана за јавната безбедност. Меѓутоа владата не покажува дека забраната што ја востановува законот од 11 октомври 2010 година се впишува во таков контекст. Што се однесува до засегнатите жени, тие се принудени целосно да се откажат од дел од нивниот идентитет што го сметаат за важен како и од начинот на изразување на нивната религија или убедувања што тие самите го избрале, кога всушност целта што ја наведува Владата би се постигнала со едноставна обврска да ги покажат своите лица и да се идентификуваат кога постои ризик за безбедноста на луѓето и имотот или кога посебни околности доведуваат до постоење на сомневање за кражба на идентитет. Така, не може да се прифати дека општата забрана што ја востановува законот од 11 октомври 2010 година е неопходна во едно демократско општество, за јавната безбедност или јавната сигурност, во смисла на членовите 8 и 9 од Конвенцијата.
Треба исто да се испита како стојат работите во однос на обидот да се одговори на минималните барања на општествениот живот како дел од „заштитата на правата и слободите на другите“ (видете ставови 121-122 погоре).Судот смета дека спорната забрана може да се смета за оправдана во својот принцип само во онаа мера во која таа се обидува да обезбеди услови за „живеење заедно“.
Во однос бројот на засегнати жени, односно околу 1 900 жени во споредба со околу шеесет и петте милиони жители на Франција и на бројот на муслиманите кои живеат во неа, може да се чини несразмерно да се одговори на една ваква ситуација со закон за општа забрана. Покрај тоа, не постои сомнеж дека забраната има силно негативно влијание врз ситуацијата на жените кои, како и жалителката, избрале да носат целосен превез заради причини врзани за нивните убедувања. Многу меѓународни како и национални чинители на заштитата на основните човекови права сметаат дека општата забрана е несразмерна. Законот од 11 октомври 2010 година, и одредени контроверзи кои го придружуваа неговото изготвување, можеле да бидат болни за дел од муслиманската заедница, вклучувајќи ги и оние нејзини членови кои не се за носењето целосен превез. Во однос на ова, Судот е многу загрижен заради исламофобичните искази кои ја обележале дебатата која му претходела на усвојувањето на Законот од 11 октомври 2010 година. Тоа секако не е негова должност да се произнесе за можноста да се донесуваат закони за ова прашање. Сепак, тој истакнува дека една држава која се ангажира во законодавен процес од овој тип ризикува да придонесе за консолидација на стереотипите кои влијаат на одредени категории на лица и да го поттикне изразувањето на нетолеранција, кога всушност наместо тоа таа треба да промовира толеранција. Искази кои карактеристични за општ и страствен напад врз група идентификувана врз основ на верска или етничка припадност не се во согласност со вредностите на толеранција, социјалниот мир и недискриминација врз кои се заснова Конвенцијата и не спаѓаат во опсегот на правото на слобода на изразување што таа го утврдува.
Меѓутоа, законот од 11 октомври 2010 г. не влијае врз слободата на носење во јавниот простор која и да е облека или кој и да е елемент од облека - со или без верска конотација - кои притоа не покриваат лицето. Товарот на оспорената забрана во најголем дел паѓа врз муслимански жени кои сакаат да носат целосен превез. Сепак, оваа забрана не е експлицитно заоснована на верската конотација на засегнатата облека туку врз самиот факт дека таа го крие лицето.
Што се однесува до фактот дека забраната е придружена со кривични санкции, санкциите утврдени од страна на законодавецот се меѓу најлесните што тој можел да ги предвиди, бидејќи се работи за парична казна предвидена за прекршоци од втора класа дела (односно, во моментов 150 евра максимум), со можноста за судијата да донесе пресуда, истовремено или на место на паричната казна, за завршување стаж за граѓанство.
Покрај тоа, забранувајќи им на сите да носат во јавниот простор облека наменета да го прикрие лицето, тужената државата го ограничува на одреден начин полето на на плурализмот, со оглед на тоа дека забраната спречува некои жени да ја изразат својата индивидуалност и своите убедувања со носење на целосен превез во јавноста. Сепак, таа од своја страна укажува дека се работи е за неа за тоа да одговори на пракса која ја смета некомпатибилна во француското општество, со модалитетите за општетствена комуникација и, пошироко, со „живеењето заедно“. Во оваа перспектива, тужената држава има намера да заштити модалитет на интеракција меѓу поединците, од суштинско значење за него не само за изразување на плурализмот, туку, исто така, на толеранцијата и слободоумието, без кои не постои демократско општество. Се чини така дека прашањето за прифаќањето или не на носењето на целосниот превез на јавни места претставува општествен избор.
Меѓутоа, во еден таков случај, Судот мора да покаже воздржаност во извршувањето на контролата на конформитетот (contrôle de conventionalité), кога во рамката на истата тој треба да процени арбитража извршена во согласност со демократските процедури во рамките на општеството во прашање. Кога општи политички прашања се во игра, за кои во една демократска држава разумно можат да постојат длабоки разлики, потребно е да се придаде посебно значење на улогата на националниот одлучувач. Франција, значи, во овој случај располагала со широк простор за слободна проценка.
Ова е дотолку повеќе така затоа што нема европски консензус за прашањето на забраната на носење целосен превез во јавност. Иако од строго нормативен аспект, Франција е во малцинска состојба во Европа, сепак, треба да се напомене дека прашањето на носењето целосен превез во јавниот простор е или било дебатирано во повеќе европски земји. На ова треба да се додаде дека, веројатно, прашањето на носењето целосен превез на јавни места едноставно не се поставува во одреден број на земји-членки каде што таа пракса не постои.
Како резултат на тоа, особено во поглед на ширината на просторот за слободна проценка со кој располагала тужената држава во овој случај, забраната што произлегува од законот од 11 октомври 2010 година може да се смета за пропорционална со саканата цел, имено, зачувувањето на условите на „живеењето заедно“ како елемент од „заштита на правата и слободите на другите“. Оспореното ограничување може значи да се смета за „неопходно“, „во едно демократско општество“. Овој заклучок важи во однос на членот 8 од Конвенцијата, како и на членот 9.
Заклучок: Нема повреда (петнаесет гласови против два).
Членот 14 од Конвенцијата заедно со членот 8 или членот 9: жалителката се жали на индиректна дискриминација. Како жена муслиманка која сака да носи целосен превез на јавни места од верски причини, таа припаѓа на категорија на лица особено изложени на забраната во прашање и на санкциите со кои е придружена.
Општа политика или општа мерка кои имаат несразмерно штетни ефекти врз група луѓе може да се сметаат за дискриминаторски, дури и тие да ја немаат специфично за цел оваа група и да немаат дискриминаторска намера. Сепак, тоа е така само ако оваа политика или мерка немаат „објективно и разумно“ оправдување, односно, ако тие немаат „легитимна цел“ или аконема „разумен однос на пропорционалност“ помеѓу употребените средства и целта која треба да се постигне. Меѓутоа, во овој случај, доколку може да се смета дека забраната која произлегува од законот од 11 октомври 2010 година има одредени негативни ефекти врз состојбата на жените муслиманки кои, поради религиозни причини, сакаат да носат целосен превез на јавни места, оваа мерка има објективно и разумно оправдување.
Заклучок: нема повреда (едногласно).
* Видете Dudgeon c. Royaume-Uni, 7525/76, 22 октомври 1981.
** Видете Leyla Şahin c. Turquie [ГС], 44774/98, 10 ноември 2005, Информативна белешка 80, и Ahmet Arslan et autres c. Turquie, 41135/98, 23 февруари 2010, Информативна белешка 127.
*** A contrario, видете Ahmet Arslan et autres c. Turquie, op. cit.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права
Изготвено од страна на секретаријатот, ова резиме не го обврзува Судот.
На овој линк може да се најдат Информативни белешки од судската пракса
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy