© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПРВ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ SAVRIDDIN DZHURAYEV против РУСИЈА
(Жалба бр. 71386/10)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
25 април 2013 година
Оваа пресуда ќе стане правосилна под условите предвидени во член 44, став 2 од Конвенцијата. Пресудата може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Savriddin Dzhurayev против Русија,
Европскиот суд за човекови права (Прв оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Isabelle Berro-Lefèvre, Претседател,
Khanlar Hajiyev,
Mirjana Lazarova Trajkovska,
Julia Laffranque,
Erik Møse,
Ksenija Turković,
Dmitry Dedov, судии,
и Søren Nielsen, Секретар на оддел,
Откако расправаше на затворена седница на 9 април 2013 година,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на таа дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 71386/10) против Руската Федерација поднесена согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човекови права и основни слободи („Конвенцијата“), од страна на државјанин на Таџикистан, г-н Savriddin Dzhanobiddinovich Dzhurayev („жалителот“), на 6 декември 2010 година.
2. Жалителот беше застапуван од г-ѓа E. Ryabinina и г-ѓа D. Trenina, адвокати од Москва. Руската Влада („Владата“) ја застапуваше
г-н G. Matyushkin, застапник на Руската Федерација пред Европскиот суд за човекови права.
3. Жалителот тврдеше, поконкретно, дека во случај тој да биде екстрадиран во Таџикистан тој би бил изложен на ризик од злоупотреба и дека не било одлучено доволно брзо по неговото барање за судска оцена на неговиот притвор до екстрадиција.
4. На 7 декември 2010 година Претседателот на Првиот оддел ѝ посочи на тужената Влада, согласно правило 39 од Правилата на Судот, дека жалителот не треба да биде екстрадиран во Таџикистан сѐ додека не добие поинакви инструкции од Судот. Исто така беше одлучено на случајот да му се даде приоритет согласно правило 41 од Правилата на Судот.
5. На 16 декември 2010 година Владата го извести Судот дека надлежните органи презеле потребни мерки за да гарантираат дека жалителот нема да биде екстрадиран во Тацикистан сѐ додека не добијат поинакви инструкции.
6. На 31 јануари 2011 година жалбата беше комуницирана до Владата. Исто така беше одлучено во исто време да се донесе одлука за допуштеноста и основаноста на жалбата (член 29, став 1).
7. На 2 ноември 2011 година Претседателот на Првиот оддел побара од Владата, согласно правило 54, став 2 од Правилата на Судот, да достави дополнителни информации за фактичката состојба заради разјаснување на околностите на наводното киднапирање на жалителот во Москва.
8. На 17 јануари 2012 година Судскиот совет ги повика страните да достават дополнителни писмени опсервации во однос на наводното киднапирање на жалителот и трансфер во Таџикистан. Како последица на тоа, страните му доставија на Судот неколку дополнителни поднесоци за најновите промени во случајот и дополнителни опсервации за основаноста на жалбата.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
9. Жалителот е роден во 1985 година. Тој во моментот издржува затворска казна во Таџикистан.
A. Податоци за жалителот пред да биде иницирана кривичната постапка против него
10. Сѐ до 2006 година жалителот живеел во неговото родно село Навгилем во регионот Согдискаја во Таџикистан. Тој бил трговец на локалниот пазар за храна.
11. Настаните кои му претходеле на неговото заминување од Таџикистан, тој ги опиша на следниот начин.
12. Од 2002 до 2005 година жалителот одел во џамија, кадешто тој го изучувал Куранот под инструкции на г-н S. Marufov. Г-н Marufov бил уапсен од локалната полиција и починал во притвор во мај 2006 година. Пред неговата смрт г-н Marufov наводно бил злоупотребуван (види параграф 102 подолу).
13. После смртта на г-н Marufov, таџикистанските власти почнале да ги таргетираат неговите следбеници. Жалителот побегнал од земјата, плашејќи се од прогонување врз основа на неговите религиозни активности.
14. Жалителот пристигнал во Русија во јуни 2006 година и заработувал за живот со различни нискоквалификувани занимања во предградијата на Москва.
Б. Кривична постапка против жалителот во Таџикистан и поврзаната постапка за екстрадиција во Русија
15. На 7 ноември 2006 година Канцеларијата на обвинителот на Таџикистан иницирала кривична постапка против жалителот и донесла решение за негов притвор додека трае постапката. Жалителот бил обвинет според член 186, став 2 и член 187, став 2 од Кривичниот законик на Таџикистан за формирање на „криминална група“ наречена Бајат, во текот на 1992 година, заедно со уште неколку други лица, која подоцна се приклучила кон „вооружена криминална група“ наречена „Исламистичко движење на Узбекистан“ („ИДУ“). Второто обвинение против жалителот се однесувало на неговата наводна вмешаност во вооружен напад извршен на 27 септември 2006 година врз тројца членови на регионалниот парламент.
16. На истата дата, Канцеларијата на обвинителот на Таџикистан издала налог за апсење на жалителот заснован на обвиненијата споменати погори и го ставила неговото име на листата на „лица по кои се трага“.
17. Руската полиција го уапсила жалителот на 21 ноември 2009 година во Москва врз основа на меѓународен налог за апсење издаден од таџикистанските власти. Тој останал во притвор до екстрадиција до 21 мај 2011 година (види параграфи 32-36 подолу).
18. На 21 декември 2009 година и на 29 март 2010 година Заменикот на главниот обвинител на Таџикиста побарал од неговиот руски колега да нареди екстрадиција на жалителот во Таџикистан.
19. На 17 јуни 2010 година Заменик на главниот обвинител на Русија наредил жалителот да биде екстрадиран. Тој заклучил, помеѓу останатото, дека жалителот бил обвинет во Таџикистан за инволвираност во криминална организација, ИДУ, почнувајќи од 1992. Заменикот на главниот обвинител исто така воочил дека на крајот на 2005 година жалителот се преселил во Русија, каде основал вооружена ќелија на ИДУ и дека во 2006 им префрлал и до 5,000 американски долари месечно на лидерите на ИДУ во Таџикистан, на тој начин помагајќи терористички активностни, како што се убиства на државни функцинонери. Заменикот на главниот обвинител сметал дека дејствијата на жалителот биле исто така казниви според рускиот Кривичен законик и дека неговата екстрадиција не можела да биде попречена од кривично дело кое можеби тој го извршил во Москва, затоа што не била започната истрага или не било подигнато обвинение во тој поглед. Тој исто така не утврдил пречка за екстрадицијата на жалителот ниту во меѓународните договори ниту во законодавството на Руската Федерација.
20. Жалителот се жалел на решението за екстрадиција до Градскиот суд во Москва („Градскиот суд“) изјавувајќи дека таџикистанските власти би го подложиле на тортура со дел да го натераат да признае дека извршил кривично дело кое тој не го сторил. Тој се повикал на обемна судска пракса на Судот во која се утврдува ризик од тортура на кој би биле изложени определени жалители кои биле во слична позиција како него во случај на нивна екстрадиција во таа земја (Khodzhayev против Русија, бр. 52466/08, 12 мај 2010 година, и Khaydarov против Русија, бр. 21055/09, 20 мај 2010 година). Жалителот исто така ги истакнал контрадиктирноста, па дури и апсурдноста на некои обвиненија против него во Таџикистан, спред кои тој бил вмешан во терористички активности од 1992 година кога тој бил сѐуште дете.
21. Заменикот на главниот обвинител на Градскиот суд му доставил допис потпишан од неговиот колега од Таџикистан, во кој биле содржани, помеѓу другото, следните гаранции:
„Ние гарантираме дека во согласност со нормите на меѓународното право [на жалителот] ќе му бидат обезбедени сите можности тој да се брани во Република Таџикистан вклучително и со помош на адвокат. Тој нема да биде изложен на тортура или сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување (Европска конвенција за заштита на човекови права и основни слободи, и релевантните конвенции и протоколи кон тие конвенции на Организацијата на Обединетите Нации и Советот на Европа).
Кривичниот законик на Таџикистан не предвидува смртна казна во однос на кривичните дела кои му се припишуваат [на жалителот].
Канцеларијата на главниот обвинител на Таџикистан гарантира дека целта на барањето за ектрадиција во однос на [жалителот] не е негово прогонување по политичка основа, или врз основа на неговата раса, верски уверувања, националност или политички мислења.
... Таџикистан се обрзува [жалителот] да го гони кривично само за кривичните дела кои се причина за негова екстрадиција и дека [жалителот] нема да биде предаден на трета држава без согласност на Руската Федерација и дека тој ќе може да ја напушти територијата на Република Таџикистан откако ќе ја издржи неговата затворска казна.“
22. На 29 октомври 2010 година Градскиот суд одржал расправа. Тј го дозволил преглогот на одбраната да ја испита г-ѓа E. Ryabinina, во својство на експерт на рускиот Институт за човекови права, во врска со ситуацијата во Таџикистан. Таа одговорила на прашањата на јавната расправа, објаснувајќи ги деталите на четири нови пресуди донесени од страна на Судот во однос на можна ектрадиција во Таџикистан на конкретните жалители и правните последици за Руската Федерација (Khodzhayev, цитиран погоре; Khaydarov, цитиран погоре; Iskandarov против Русија, бр. 17185/05, 23 септември 2010 година; и Gaforov против Русија, бр. 25404/09, 21 октомври 2010 година).
23. Со пресуда донесена на истата дата, Градскиот суд го потврдил решението за екстрадиција, одлучувајќи дека немало пречки за екстрадицијата на жалителот во Таџикистан. Аргументите на жалителот, засновани на обврските на Русија според Конвенцијата и судската пракса на Судот, биле одбиени од Градскиот суд на следниот начин:
„... аргументите дека жалителот може да биде прогонуван по верска основа и во однос на сериозен ризик од тортура во текот на кривичната постапка во Таџикистан...судот смета дека се неосновани затоа што тие аргументи претставуваат претпоставки кои не се на никој начин поткрепени со докази; всушност и спротивно на тоа, тие претпоставки се во целост соборени со документите од случајот, кои беа разгледани од судот, и особено со писмените гаранции обезбедени од Заменик главниот обвинител на Република Таџикистан. ...
Аргументите ... дека има тортура и прогонување врз верска и политичка основа во Република Таџикистан како што е потврдено со документи на Европскиот суд за човекови права и други организации за заштита на човекови права .. судот смета дека се неосновани, затоа што тие документи се однесуваат на други лица, но не [жалителот]; дотолку повеќе, тие аргументи се негирани со претходно наведените писмени гаранции на Канцеларијата на обвинителот на Таџикистан.“
24. На 9 декември 2010 година Врховниот суд ја потврдил одлуката на Градскиот суд. Аргументот на жалителот дека неговата екстрадиција би го повредила член 3 од Конвенцијата бил одбиен од страна на Врховниот суд само со повикување на текстот на писмените гаранции дадени од канцеларијата на таџикистанскиот обвинител.
В. Барање за признавање на статус на бегалец и на право на привремен азил
25. На 22 декември 2009 година жалителот поднел барање за признавање на статус на бегалец до локалниот оддел на руската Сојузна служба за миграција на градот Москва („ССМ“). Тој тврдел дека бил прогонуван во Таџикистан по основ на неговите верски уверувања и дека би бил подложен на тортура во случај на екстрадиција.
26. На 26 април 2010 година локалниот оддел на ССМ на градот Москва го одбил барањето. Жалителот бил известен за одлуката на 12 мај 2010 година.
27. На 26 август 2010 година Заменик директорот на ССМ ја одбил жалбата изјавена од жалителот против таа одлука. Тој го потсетил жалителот дека ИДУ од страна на врховните судови на Таџикистан и Русија се сметало за организација која врши терористички активности. Иако ги воочил бројните меѓународни критики за употребата на тортура и неказнувањето на одговорните службени лица во Таџикистан, Заменик директорот на ССМ не утврдил основана причина за да се стравува дека жалителот ќе биде прогонуван по верска основа. Воочувајќи дека големо мнозинство на населението на Таџикистан било со исламска вероисповест, тој заклучил дека е неверојатно дека жалителот ќе биде прогонуван само врз основа на неговите муслимански уверувања. Што се однесува на обидот на властите да ја зајакнат нивната контрола врз верски уверувања, тоа се сметало дека служи за остварување на разбирливата цел на лимитирање на влијанието на радикалниот Ислам, вклучително и на ИДУ. Тој заклучил дека жалителот не ги иполнувал условите за да му биде признаен статус на бегалец и дека неговото барање било мотивирано само од неговата намера да избегне кривична одговорност во Таџикистан. Тој во исто време воочил дека постоењето на оправдан страв дека може да стане жртва на тортура или злоупотреба може да биде основ на жалителот да му биде одобрен привремен азил во Русија согласно член 12 од Законот за бегалци.
28. На 1 октомври 2010 година жалителот изјавил жалба против одлуката на ССМ до Басманиј Окружниот суд во Москва. Тој тврдел дека ССМ не направила темелна и адекватна анализа на ситуацијата во Таџикистан и не ги зела предвид на соодветен начин информациите обезбедени од страна на различни меѓународни извори во тој поглед. Тој понатаму истакнал дека ССМ го сметала за виновен за кривичните дела кои му биле припишани од таџикистанските власти и практично ја поддржала верзијата на фактите презентирана од страна на Канцеларијата на обвинителот на Таџикистан.
29. На 10 ноември 2010 година Басманиј Окружниот суд ја потврдил одлуката на ССМ од 26 август 2010 година. Тој се повикал на аргументите содржани во таа одлука, сметајќи ги за убедливи и сметајќи дека жалителот не доставил докази за спротивното. На 6 декември 2010 година одлуката на судот била потврдена по жалба од страна на Градскиот суд во Москва.
30. На 24 мај 2011 година жалителот доставил барање за привремен азил во Русија до ССМ. На 2 јуни 2011 година канцеларијата на УНХЦР во Русија го известила застапникот на жалителот дека тој ги исполнувал критериумите утврдени во Статутот на УНХЦР и дека дека тој ги исполнувал условите за меѓународна заштита под мандат на УНХЦР.
31. На 6 септември 2011 година локалниот оддел на ССМ на градот Москва му одобрил привремен азил во Русија на жалителот и му издал уверение за тоа. Уверението било заверено под број ВУ № 0004219 и му било доставено на жалителот на 8 септември 2011 година во присуство на неговиот адвокат.
...
Д. Наводното киднапирање на жалителот и неговиот трансфер во Таџикистан
1. Верзија на настаните презентирана од страна на жалителот
37. Според писменото сведочење на жалителот и дополнителните информации собрани од неговите застапници преку сведоци и други достапни извори, неговото киднапирање и трансфер во Таџикистан се случило на следниот начин.
38. Околу 21 или 22 часот на 31 октомври 2011 година, жалителот и негов пријател возеле во југозападен регион на Москва кога нивниот автомобил бил блокиран од страна на минибус на авенијата Мичуринскиј. Според деталите кои им биле дадени од страна на адвокатот на жалителот на полицијата и истражните органи, инцидентот се случил помеѓу 23.30 часот и 23.45 часот на авенијата Вернадскиј број 15, во Москва. Жалителот и неговиот пријател излегле од автомобилот и се обиделе да избегаат. Тие биле следени од тројца или четворица непознати мажи кои испукале два истрела. Пријателот на жалителот успеал да побегне, додека пак жалителот бил сопрен, претепан со палка и бил насилно внесен во минибусот од страна на истите мажи, кои не се претставиле.
39. Жалителот бил држен во минибусот дење и ноќе. Лицата кои го заробиле го подложувале на мачење и злоупотреба. Тие го претепале, му впериле пиштол во главата и се заканиле дека ќе го убијат ако не се согласел да се врати во неговата земја. Жалителот им го покажал уверението за привремен азил издадено од ССМ, но, тие како одговор на тоа само го исмеале. Лицето кои му поставувало прашања на жалителот било со таџикистанско потекло.
40. Следната вечер жалителот бил однесен од страна на киднаперите на писта на московскиот аеродром Домодедово, без да поминат преку вообичаените гранични и царински формалности. Жалителот бил предаден на таџикистанска патрола, која насилно го внесла во авион кој бил во близина без тој да покаже билет или било какви патни документи.
41. Околу 4 часот следниот ден, авионот пристигнал на аеродромот Куџанд во Таџикистан, каде жалителот бил предаден на таџикистанските органи. Неговите барања да му биде обезбеден адвокат биле одбиени. Според писмената изјава на таткото на жалителот, жалителот бил уапсен и испрашуван од страна на непознато лице во полициската станица во Куџанд. Таткото на жалителот писмено сведочел дека полициски службеници, еден од кои бил идентификуван како С.М., го злоупотребувале жалителот со цел тој да признае дека извршил кривични дела кои никогаш не ги сторил и за да изјави дека се вратил во Таџикистан доброволно. Тој исто така сведочел дека на 20 декември 2012 година истражителот, Р.Р., одбил да му дозволи тој да го види својот син во притвор, повикувајќи се на тоа што таткото не им помогнал на органите жалителот да биде уапсен и да биде вратен во земјата.
2. Информации доставени од страна на Владата
42. Поднесоците на Владата во однос на верзијата на фактите презентирана од жалителот се сведуваат на следното.
43. После прашања поставени од страна на Судот, дописите доставени од страна на Владата од 18 ноември 2011 година и 29 февруари 2012 година не содржеа никакви информации за тоа каде се наоѓа жалителот или за неговото преминување на државната граница. Владата исто така истакна дека правата и слободите на жалителот не биле ограничени на ниту еден начин после неговото пуштање на слобода на 20 мај 2011 година, дека законот не ги обврзувал надлежните органи да обезбедат какво било набљудување и следење на жалителот, дека неговата ектрадиција или протерување биле прекинати врз основа на времените мерки наредени од страна на Судот и дека, затоа, тој не бил предаден на Таџикистан во постапка за екстрадиција.
44. На 5 април 2012 година Владата ги пренесе официјалните информации доставени на 26 март 2012 од страна на Главниот обвинител на Таџикистан до неговиот руски колега, според кои жалителот „доброволно се предал“ на 3 ноември 2011 година на Согдијскиј регионалниот оддел за борба против организиран криминал (РОБОП) и дека тој бил притворен во установа за привремено лишување од слобода бр. 2 (СИЗО №2) во Куџанд.
45. Според најновите информации кои беа примени од Владата на 25 февруари 2013 година, истрагата за киднапирањето и предавањето на жалителот е во тек.
Ѓ. Барања за заштита на жалителот од неодложен ризик за негов присилен трансфер во Таџикистан
46. Веднаш штом биле известени за киднапирањето на жалителот вечерта на 31 октомври 2011 година, неговите застапници ги контактирале надлежните руски органи, барајќи од нив да преземат итни мерки да го спречат присилното отстранување на жалителот од руска територија.
47. Помеѓу 3 и 5 часот на 1 ноември 2011 година, г-ѓа E. Ryabinina испратила по факс четири формални барања до началникот на полицијата на градот Москва, директорот на ССМ, Главниот обвинител и застапникот на Руската Федерација пред Судот, соодветно. Таа исто така побарала помош од Комесарот за човекови права на Руската Федерација.
48. Во нејзиниот допис до началникот на полицијата на градот Москва, застапничката на жалителот ги навела околностите на неговото киднапирање. Таа исто така го потсетила на правниот статус на жалителот како лице на кои му бил одобрен привремен азил од страна на ССМ и привремените мерки донесени од Судот за да се спречи неговата екстрадиција. Во дописот се заклучува следното:
„Со оглед на [овие околности] има сериозни причини за сомневање дека имало обид за киднапирање на [жалителот] со цел тој потоа илегално да биде пренесен од Русија во Таџикистан, чии власти бараа негова екстрадиција заради кривично гонење.
Ситуацијата е отежната со фактот што братот на жалителот [Sh. T.] исчезна на 8 септември во Москва и, според информации кои ги даде неговата сопруга, тој бил притворен на 13 септември во Куџанд, Република Таџикистан, каде е сѐуште во притвор. Пред тоа, на 23 август истата година, двајца други баратели на азил кои беа заштитени од насилен трансфер [со времени мерки издадени од] Европскиот суд за човекови права, исчезнаа во Москва: државјанин на Таџикистан, S.K., и државјанин на Узбекистан, M. A. И двајцата беа пренесени во Таџикистан и притворени. Секое тврдење дека тие си заминале доброволно мора да биде исклучено затоа што тие немале било какви документи кои им овозможуваат да ја преминат државна граница на Руската Федерација: државниот пасош на M. A. се наоѓал кај московскиот оддел на ССМ, додека пак S.K. го изгубил својот пасош пред неколку години. ...“
49. Тој ден, Комесарот за човекови права на Руската Федерација, исто така испратил допис до Секторот за внатрешни работи на градот Москва, кое гласи:
„... Постојат причини за основано сомневање дека можеби бил направен обид [жалителот] да биде илегално пренесен во Таџикистан, каде неговиот живот е во опасност.
Денес, 1 ноември 2011 година, [застапникот на жалителот] побара да преземете итни мерки со цел да го спречите насилниот трансфер [на жалителот] од територијата на Руската Федерација, и пред сѐ, преку аеродромите во Москва.
Ве замолувам да го разгледате [горенаведеното] барање колку што е можно побрзо и да ти преземете сите можни мерки со цел да биде најден [жалителот] и да го спречите неговиот присилен трансфер од територијата на Руската Федерација.
Ве молам да ме известите за исходот од постапката по барањето.“
50. Нема информации дека биле преземени било какви заштитни мерки од страна на органите за кои станува збор во одговор на било кое од тие барања.
51. На 7 ноември 2011 година Канцеларијата на застапникот на Руската Федерација пред Судот достави одговор до застапничката на жалителот дека врз основа на времените мерки донесени од страна на Судот, руските власти се воздржувале од негова екстрадиција и дека била испратена соодветна инструкција до Сојузната служба за извршување на санкции (ФСИН), Главниот обвинител и Министерството за внатрешни работи.
Е. Допис од Секретарот на Судот после киднапирањето и трансферот на жалителот во Таџикистан
52. После жалбата на жалителот за неговото киднапирање во овој случај и слични настани во некои други случаи, на 25 јануари 2012 година, Секретарот на Судот испрати допис до застапникот на Руската Федерација пред Судот. Дописот гласи:
„Претседателот на Судот, Сер Nicolas Bratza, ме овласти во негово име да искажам длабока загриженост за исчезнувањето на жалителот во Русија и неговиот трансфер во Таџикистан и покрај времените мерки издадени согласно правило 39 од Правилата на Судот.
Претседателот воочи дека од пресудата на Судот во случајот Iskandarov (бр. 17185/05, 23 септември 2010 година) во која одлучи дека Руската Федерација е одговорна за прекршување на член 3 поради необјаснетото киднапирање и пренесување на жалителот во Таџикистан од страна на неидентификувани лица, Судот е соочен со повторни инциденти од таков вид во четири други случаи, вклучувајќи го случајот споменат погоре (останатите три случаи се: Abdulkhakov против Русија, бр. 14743/11; S.K. против Русија, бр. 58221/10; и Zokhidov против Русија, бр. 67286/10). Објаснувањата кои досега Владата ги има дадено не разјаснуваат како жалителите можеле против нивна волја да бидат пренесени преку руската државна граница и покрај официјалните гаранции на Владата дека нема да биде извршена екстрадиција сѐ додека нивните случаи се разгледуваат од страна на Судот.
Претседателот е многу загрижен поради овие настани. Тој е особено загрижен за нивните последици за авторитетот на Судот и за можноста такви неприфатливи инциденти да продолжат и во случаи на други жалители за кои времените мерки се сѐуште во сила поради неодложен ризик од повреда на нивните права од член 2 и член 3 од Конвенцијата во земјите на дестинација [земјите кои бараат екстрадиција]. Како индикација на сериозноста со која тој приоѓа кон овој развој на настаните, Претседателот побара Претседавачот на Комитетот на министри, Претседателот на Парламентарното собрание и Генералниот секретар на Советот на Европа да бидат веднаш известени.
Претседателот исто така воочува дека Судскиот совет на Судот побара дополнителни опсервации од Владата во однос на оваа загрижувачка ситуација без преседан и очекува надлежните руски органи да му достават на Судот обемни информации за мерките преземени во однос на инцидентите во Руската Федерација. Во меѓувреме, им обрнуваме внимание на Вашите органи кон фактот дека времените мерки се и натаму во сила согласно правило 39 во дваесет и пет други руски случаи кои се однесуваат на екстрадиција или протерување. Тие случаи се наброени во документ приклучен кон овој допис.“
53. На 5 март 2012 година застапникот на Руската Федерација пред Судот го извести Секретарот на Судот дека соодветните информации ќе бидат доставени „штом ќе бидат добиени потребните податоци од релевантните органи“.
Ж. Официјална истрага и континуирано одбивање да се започне кривична постапка во однос на настаните кои се предмет на жалба
54. На 30 ноември и 2 декември 2011 година Министерството за вантрешни работи ја известило застапничката на жалителот дека нејзината пријава за киднапирањето на жалителот била испратена до Секторот за внатрешни работи на југозападниот регион на градот Москва (УВД по Юго-Западному АО ГУ МВД России по г. Москве), а потоа до Гагаринскиј одделот за меѓурегионални истраги на југозападниот административен регион на Москва (Гагаринский МСО СУ по ЮЗАО ГСУ СК РФ). На 30 декември 2011 година тој оддел одлучил да го предаде досието на Никулинскиј одделот за меѓурегионални истраги на југозападниот административен регион на градот Москва (Никулинский МСО СУ по ЮЗАО ГСУ СК РФ по г. Москве – подолу во текстот на пресудата „Оддел за истрага Никулинскиј“).
1. Прво одбивање на истражителот да отвори кривична истрага и укинување на таа одлука од страна на неговиот надреден
55. Согласно член 144 од Законот за кривична постапка, вишиот истражител на Одделот за истрага Никулинскиј, P.K., спровел предистражна проверка (проверка сообщения о преступлении – „проверката“).
56. На 21 март 2012 година P. K. одбил да отвори кривична истрага во однос на наводното киднапирање на жалителот затоа што немало corpus delicti. ...
57. Истиот ден раководителот на Одделот за истрага Никулинскиј, S.K., ја укинал одлуката наведена погоре и го вратил предметот на истиот виш истражител за понатамошна проверка. ...
58. На 27 март 2012 година раководителот на Првиот оддел за процедурален надзор на Генералниот директорат за истраги на градот Москва (ГСУ СК России по г. Москве) исто така побарал дополнителни испитувања на случајот. Понатаму, на 30 март 2012 година, заменикот на меѓурегионалниот обвинител на Никулинскиј (заместитель Никулинского межрайонного прокурора) побарал истражителот да утврди дали руските државни органи биле вмешани во наводното киднапирање на жалителот.
2. Второ одбивање на истражителот да отвори кривична истрага и укинување на таа одлука од страна на неговиот надреден
59. На 20 април 2012 година вишиот истражител, P.K., повторно одбил да отвори кривична истрага ...
60. На 23 април 2012 година заменик раководителот на Одделот за истрага Никулинскиј, A.N., ја укинал таа одлука...
3. Tрето одбивање на истражителот да отвори кривична истрага и укинување на таа одлука од страна на неговиот надреден
61. На 23 мај 2012 година вишиот истражител, P.K., уште еднаш одбил да отвори кривична истрага за киднапирањето на жалителот. ...
62. На 9 јуни 2012 година заменик раководителот на Одделот за истрага Никулинскиј, повторно ја укинал таа одлука ...
4. Четврто одбивање на истражителот да отвори кривична истрага
63. На 9 јули 2012 истражителот од Одделот за истрага Никулинскиј, A.Z., одбил да започне кривична постапка во однос на грабнувањето на жалителот. После краток опис на фактичката состојба, одлуката гласи:
„...
Tака, со прелиминарната проверка не се утврдија објективни податоци кои укажуваат на грабнување [на жалителот],“
Истражителот ја испратил оваа одлука до застапниците на жалителот на 16 август 2012 година.
5. Понатамошни проверки
64. На 25 февруари 2013 година Владата го извести Судот дека се продолжило со слични проверки и дека тие биле во тек. На Судот не му беа доставени други одлуки на истражните органи или документи. Според информациите на Владата, со истражувањето било заклучено дека жалителот илегално ја преминал руската државна граница, дека им се предал на таџикистанските органи и бил ставен во притвор. Одлуката на истражителот од 9 јули 2012 година со која тој одбива да отвори кривична истрага била повторно укината од неговиот надреден на неутврдена дата. Според Владата, последната одлука со која се одбива да се отвори истрага била донесена на 29 ноември 2012 година од страна на раководителот на Одделот за истрага Никулинскиј, но дека таа одлука не била сѐуште укината. Како последица на тоа, досието им било вратено на истражителите за дополнителни истражувања.
65. Владата исто така прецизира дека од ФСБ било побарано да ги провери информациите за илегалното преминување на државната граница од страна на жалителот. Уште едно барање било испратено до таџикистанските власти да утврдат каде во Таџикистан се наоѓа жалителот. Сепак, од 23 јануари па натака не биле добиени одговори на ниту едно од тие барања.
З. Кривичната постапка против жалителот во Таџикистан
66. Застапниците на жалителот го известија Судот дека на 30 ноември 2011 година Регионалниот суд на Таџикистан во Согдијскиј започнал со разгледување на кривичниот предмет против триесет и четири лица, вклучувајќи го жалителот. Жалителот бил обвинет за повеќе кривични дела по член 185, став 1, член 186, став 1, член 187, став 1 и став 2, член 189, став 3 (a),член 244, став 4 (в), член 306 и член 307, став 3 oд Кривичниот законик на Таџикистан.
67. Почнувајќи од 29 јануари 2012 година судот започнал со одржување на јавни расправи. Адвокатот R.T., кој учествувал на судењето, им дал на застапниците на жалителот писмена изјава според која жалителот се изјаснил за невин на судењето. Според R. T., жалителот изјавил дека тој бил грабнат во Москва, присилно пренесен во Таџикистан и мачен со цел тој да ги признае кривичните дела.
68. Во март и април 2012 година единаесет роднини на сообвинетите повеќе пати побарале од Регионалниот обвинител на Согдијскиј, Sh.K., и од Претседателот на Регионалниот суд во Согдијскиј, N.M., да наредат форензичи лекарски прегледи на триесет и четиримината сообвинети со цел да се проверат нивните наводи дека тие биле мачени од страна на властите во текот на кривичната постапка. Во нивното писмено барање тие се повикале на релевантните одредби на Уставот и на Законот за кривична постапка на Таџикистан, кои забрануваат употреба на тортура и со кои се исклучува употреба на докази во постапката кои биле изнудени со присила. Мајката на жалителот изјавила слично барање во однос на жалителот. Нема информации во врска со одговорот на надлежните органи по тие барања.
69. На 19 април 2012 година Регионалниот суд во Согдијскиј одлучил дека жалителот е виновен и му изрекол казна затвор во траење од дваесет и шест години. Било одлучено дека триесет и тројцата сообвинети се исто така виновни и им биле изречени казни затвор со различно траење, од осум до дваесет и осум години.
...
V. ОДЛУКИ НА КОМИТЕТОТ НА МИНИСТРИ ПО ЧЛЕН 46 ВО ВРСКА СО ПОВРЗАНИ СЛУЧАИ ПРОТИВ РУСИЈА
121. После информациите добиени од Судот за повторувањето на жалби за непочитувањето од страна на Русија на времените мерки во овој случај и во неколку други случаи (види параграф 52 погоре), Комитетот на министри го рагледал прашањето во врска со извршувањето на пресудата на Судот во случајот Iskandarov (цитиран погоре).
122. Одлуката на Комитетот на министри (CM/Del/Dec(2012)1136/19), донесена на 8 март 2013 година на 1136-от состанок на Заменици министри, во делот кој е релевантен, гласи:
„Замениците
...
4. во однос на случајот Iskandarov, потсетија дека повредите на Конвенцијата во овој случај се должат на киднапирањето на жалителот од страна на непознати лица, за кои Судот одлучи дека се руски агенти, и неговиот присилен трансфер во Таџикистан откако руските органи одбија да го екстрадицираат;
5. со длаблока загриженост го воочија дописот од Судот дека вакви инциденти неодамна се случија и во однос на четворица други жалители за кои постапката пред Судот е во тек, а кога биле применети времени мерки за да се спречи нивна екстрадиција поради непосредниот ризик од тешки повреди на Конвенцијата со кој тие се соочуваат;
6. ја воочија позицијата на руските власти дека оваа ситуација претставува причина за нивна длабока загриженост;
7. исто така воочија дека руските власти во моментот се справуваат со овие инциденти и се посветени да ги претстават пред Судот резултатите oд преземените мерки кои тие ги добиваат во Русија во рамките на разгледувањаето на случаите за кои станува збор и пред Комитетот во однос на случајот Iskandarov;
8. ги повикаа руските органи да продолжат да ги преземаат сите неопходни мерки за да ги расветлат околностите на киднапирањето на г-н Iskandarov и да осигураат дека нема изгледи слични инциденти да се случуваат во иднина и за тоа да го известат Комитетот на министри“
123. Во текот на следното разгледување на прашањето, Комитетот на министри, соочен со уште еден случај на наводно исчезнување на жалител и покрај времените мерки издадени од Судот, ја повторил загриженоста изразена претходно за повторувањето на такви инциденти и понатаму го истакнал следното (види одлука усвоена на 6 јуни 2012 година на 1144-от состанок - CM/Del/Dec(2012)1144/18):
„Замениците
...
3. жалат за фактот што, и покрај сериозната загриженост изразена во однос на такви инциденти од страна на Претседателот на Судот, Комитетот на министри и самите руски власти, тие [замениците] беа повторно известени дека уште еден жалител исчезнал на 29 март 2012 во Москва и набрзо потоа бил ставен во притвор во Таџикистан;
4. ја воочија позицијата на руските власти според која истрагата за случајот Iskandarov е сѐуште во тек и дека во овој момент немаат утврдено вмешаност на руската држава во киднапирањето на жалителот;
5. сепак, жалат дека сѐ до овој момент, ниту во случајот Iskandarov ниту во било кој друг случај од тој вид, властите не можат да постигнат конкретен напредок во домашните истраги во однос на киднапирањата на жалителите и нивниот трансфер, ниту пак да утврдат одговорност на било кое службено лице на државата;
6. воочија дека, според информациите добиени од руските власти, после доставувањето на одлуката на Комитетот на министри усвоена на 1136-от состанок на Канцеларијата на Главниот обвинител, Комитетот за истраги, Министерството за вантрешни работи, Сојузната служба за миграција и Сојузната служба на извршители во април 2012 година, нема инциденти од ваков вид, и ги повикаа руските власти да прецизираат дали тие сметаат дека оваа мерка е доволно за ефективно да се стави крај на таквата неприфатлива практика.“
124. Со одлука усвоена на 1150-от состанок на Заменици министри на 26 септември 2012 година (CM/Del/Dec(2012)1150), Комитетот на министри ги донесе следните заклучоци и оценки
„Замениците
...
4. со жалење воочија дека до денес не е идентификуван ниту еден од одговорните за илегалниот трансфер на жалителот во Таџикистан во случајот;
...
6. воочија дека од последното разгледување на овој случај од страна на Комитетот не дошло до инциденти слични на оние опишани во случајот Iskandarov и ги поканија руските власти да продолжат да ги преземаат сите неопходни мерки за да осигураат дека такви инциденти повеќе нема да се случуваат во иднина;
7. го поздравија донесувањето на одлука на 14 јуни 2012 година од страна на Врховниот суд на Руската Федерација во која се даваат важни насоки за тоа како да се применува домашното законодавство од аспект на обврските од Конвенцијата, особено во однос на член 3 и член 5 од Конвенцијата;
8. понатаму со задоволство воочија дека мерките усвоени од руските власти во одговор на пресудите од оваа група (одлука на Уставниот суд, инструкции издадени од Главниот обвинител и одлуките на Општата седница на Врховниот суд) веќе доведоа до повеќе пресуди во кои Судот не утврди повреди на Конвенцијата;
9. ги охрабрија руските власти да обезбедат брз напредок во однос на подготвувањето и донесувањето на законодавните реформи кои се наложени со тие пресуди.“
125. Комитетот на министри продолжи со разгледување на ова прашање на 1157-от состанок на Заменици министри одржан на 6 декември 2012 година и ја донесе следната одлука (CM/Del/Dec(2012)1157):
„Замениците
1. потсетија дека во извршувањето на пресуда на Судот, државата договорничка има обврска да ги преземе сите мерки за да спречи повреди слични на оние кои ги утврдил Судот;
2. затоа длабоко жалат дека, и покрај сериозната загриженост изразена од Судот и Комитетот на министри во однос на инциденти наводно слични на тој анализиран во пресудата во случајот Iskandarov, тие беа известени дека уште еден жалител, за кого Судот има издадено времена мерка согласно член 39 во врска со неговата планирана екстрадиција во Таџикистан, наводно исчезнал во Волгоград на 20 октомври 2012 година (Latipov против Руската Федерација, бр. 77658/11);
3. воочија дека такви инциденти, ако бидат потврдени, и немањето на соодветен одговор за нив од страна на властите ќе отвори погенерално прашање за компатибилноста на оваа ситуација со обврските на Руската Федерација кои произлегуваат од Конвенцијата;
4. го повторија жалењето искажано во нивна претходна одлука дека до овој момент, ниту во случајот Iskandarov ниту во било кој друг случај од овој вид надлежните органи не успеале да постигнат видлив напредок во домашните истраги во врска со киднапирањата на жалителите и нивниот трансфер, ниту пак да утврдат одговорност на ниту едно службено лице на државата;
5. затоа ги повикаа руските органи без понатамошно одложување да се справат со оваа загрижувачка ситуација без преседан, посебно преку донесување на заштитни мерки во однос на други лица за кои може да е издадена времена мерка од страна на Судот согласно правило 39 во врска со нивното отстранување од руска територија и со осигурување дека сите такви инциденти се ефективно истражени со строго почитување на нивните обврски од Конвенцијата;
6. ги повикаа руските власти да дадат информации за моменталната ситуација на жалителот во случајот Iskandarov, посебно кога се во прашање гаранциите за заштита од злоупотреба.“
126. Најновата одлука на Комитетот на министри по однос на ова прашање (CM/Del/Dec(2013)1164), којашто беше донесена на 7 март 2013 година на 1164-от состанок на Заменици министри, гласи:
„Замениците
1. ја воочија позицијата на руските власти според која мерките кои се досега преземени можат да спречат идни киднапирања и присилни трансфери на лица за кои Судот има издадено времена мерка согласно правило 39 од неговите Правила за постапката;
2. сепак воочија со сериозна загриженост дека во моментот неколку жалби поднесени од страна на странски државјани се пред Судот во однос на наводни повреди на нивните права и непочитување на времените мерки издадени од Судот во однос на нивниот присилен трансфер од територијата на Руската Федерација;
3. ги повикаат руските власти да ја појаснат релевантноста на мерките кои се веќе преземени во околности слични на оние опишани во пресудите Iskandarov и Abdulkhakov;
4. го повторија нивниот повик упатен кон руските власти да ги усвојат без понатамошно одложување мерките кои се неопходни за да се стави крај на такви инциденти преку донесување на дополнителни специјални заштитни мерки во однос на жалителите и серија на мерки за да осигураат брзи и ефикасни истраги за исчезнувањата и присилните трансфери, и за тоа да го известат Комитетот на министри;
5. со оглед на траењето на оваа алармантна ситуација и со оглед на обврските на Руската Федерација од Конвенцијата, го повикаа Претседавачот на Комитетот на министри да испрати допис до неговиот руски колега со цел да му обрне внимание на сериозната загриженост на Комитетот на министри како и на неговите повеќекратни повици да се усвојат мерките кои се споменати претходно;
6. одлучија да продолжат со испитување на овие прашања најдоцна на нивниот 1179-ти состанок (септември 2013 година) (DH) но, сепак, согласувајќи се, дека во случај ако Комитетот биде известен за нов, сличен инцидент, тие ќе се навратат на ова прашања на нивниот прв состанок после известувањето за таквиот инцидент.“
ПРАВО
I. УТВРДУВАЊЕ НА ФАКТИТЕ
127. Со оглед на тоа дека странките не се согласуваат околу настаните кои се случиле помеѓу 31 октомври и 3 ноември 2011 година (види параграфи 37-43 погоре), Судот мора да ја започне својата анализа со утврдување на релевантните факти.
128. Во случаи во кои има спротивставени верзии за настаните, Судот при утврдувањето на фактите, неизбежно е соочен со истите потешкотии со кои се соочува секој првостепен суд (види El Masri против Поранешна Југословенска Република Македонија [ГСС], бр. 39630/09, параграф 151, 13 декември 2012 година). Судот е свесен за супсидијарниот карактер на неговата улога и мора да биде внимателен при земањето на улога првостепен трибунал кој утврдува факти, кога тоа не е неизбежно поради околностите на даден случај. Сепак, кога има наводи по член 3 од Конвенцијата, Судот мора да примени посебно темелна оцена дури и ако веќе имало определени домашни постапки и истраги (види, со дополнителни референци, El Masri, цитиран погоре, параграф 155).
129. При оценувањето на докази, Судот го применува стандардот на докажување „надвор од разумно сомневање“ [ “beyond reasonable doubt”] (види Orhan против Турција, бр. 25656/94, параграф 264, 18 јуни 2002 година). Сепак, неговата намера никогаш не била да се примени пристапот на домашните правни системи кои го употребуваат тој стандард. Неговата улога не е да одлучи за вината или граѓанската одговорност за штета, туку за одговорноста на државите договорнички според Конвенцијата. Специфичноста на неговата задача согласно член 19 од Конвенцијата – да го осигура почитувањето од страна на државите договорнички на нивната обврска да ги обезбедат фундаменталните права заштитени со Конвенцијата – го условува неговиот пристап кон прашања поврзани со докази и докажување. Во постапката пред Судот, нема процедурални пречки за допуштеност на докази или однапред утврдени формули за нивна оцена. Судот донесува заклучоци, кои според него, се поддржани со слободната оцена на сите докази, вклучително и заклучоци кои може да бидат изведени од фактите и поднесоците на странките. Според неговата воспоставена судска пракса, доказот може да произлезе од постоењето на истовременото постоење на доволно силни, јасни и усогласени наводи или од слични несоборени претпоставки на факти. Понатаму, степенот на убедување кој е потребен за да се донесе определен заклучок и, во врска со тоа, поделбата на товарот на докажување, се неделиво врзани со специфичноста на фактите, карактерот на наводите и правото од Конвенцијата за кое се одлучува (види, со дополнителни референци, Nachova и други против Бугарија, [ГСС], бр. 43577/98 и бр. 43579/98, параграф 147, ECHR 2005‑VII; Iskandarov против Русија, цитиран погоре, параграф 107; и El Masri, цитиран погоре, параграф 151).
130. Судот исто така има повтрдено дека постапката согласно Конвенцијата не води во сите случаи до ригорозна примена на принципот affirmanti incumbit probatio (оној кој што тврди нешто мора да го докаже тој навод). Во определени околности, кога за настаните во целост, или во голем дел, се запознати само надлежните органи, товарот на докажување може да се смета дека е на надлежните органи да дадат задоволително и убедливо објаснување (види Salman против Турција, [ГСС], бр. 21986/93, параграф 100, ECHR 2000‑VII; D.H. и други против Република Чешка [ГСС], бр. 57325/00, параграф 179, ECHR 2007‑XII; и Iskandarov против Русија, цитиран погоре, параграф 108). Кога една страна не изведе докази или не ги даде информациите побарани од Судот или нема да достави релевантни информации по сопствена иницијатива или на друг начин не учествува ефикасно во постапката, Судот може од тоа да донесе такви заклучоци за кои смета дека се соодветни (правило 44в, став1 oд Правилата на Судот).
131. Свртувајќи се кон околностите на овој случај, Судот воочува дека жалителот даде детален, конкретен и конзистентен опис на настаните кои се случувале од вечерта на 31 октомври 2011 година па натаму. Тој опис на фактите беше направен преку кохерентните дописи на жалителот до руските органи, неговата изјава на јавна расправа во Таџикистан и писмените поднесоци до Судот потпишани од жалителот и повеќе сведоци. Судот е убеден дека жалителот достави prima facie докази кои одат во прилог на неговата верзија на настаните.
132. Што се однесува на Владата, Судот забележува, дека напротив, нејзините одговори кон поднесоците на жалителот и на деталните прашања на Судот беа куси и со нив се избегнуваа целосни одговори, беа во основа лимитирани на негирање дека надлежните органи знаеле и дека биле одоговорни за она што му се случува на жалителот. Во исто време, Владата ниту ја потврди ниту ја отфрли верзијата на настаните дадена од жалителот. Малкуте информации дадени од страна на Владата се состоеја од општи изјави и неутрални повикувања на нформациите пренесени од страна на таџикистанските власти, без било каква квалификувана оцена на тие информации или заклучоци за фактите од страна на самата Влада. На пример, во однос на клучниот аспект на инцидентот, Владата само ги пренесе официјалните информации дадени на 26 март 2012 година од страна на Главниот обвинител на Таџикистан на неговиот руски колега дека жалителот „доброволно се предал“ на таџикистанските органи на 3 ноември 2011 година (види параграф 44 погоре). Тоа што Владата не спроведува свое утврдување на фактите во овој случај го принудува Судот да ги утврдува фактите, изведувајќи такви заклучоци какви што смета дека се соодветни од таквиот однос на Владата (види правило 44 в, став 1, цитирано во прагараф 130 погоре).
133. Судот смета дека страните на спорот не оспорија дека жалителот е лице на кое Руската Федерација му има одобрено привремен азил на 6 септември 2011 година после неговите постојани напори да избегне да биде вратен во Таџикистан (види параграф 31 погоре). Исто така не е оспорено дека слободата на жалителот не била ограничена во Русија после неговото пуштање од притвор на 20 мај 2011 година. Понатаму, не е исто така оспорено дека најдоцна на 3 ноември 2011 година жалителот бил ставен во притвор од страна на таџикистанските службени лица за спроведување на правото во Куџанд.
134. Со оглед на горенаведеното, и откако ги испита поднесоците на страните заедно со информации со кои располага од други извори, Судот мора критички да ја оцени официјалната верзија на Таџикистан за „доброволното предавање“ на жалителот на властите на таа земја (види параграф 44). Иако секој може, теоретски, да одлучи да се предаде доброволно, официјалната верзија се чини дека не е поткрепена со докази и е во целост неконзистентна со другите материјали доставени до Судот. Најпрво, „признанието“ кое жалителот наводно им го дал на таџикистанските органи не беше никогаш доставено до Судот. Понатаму, официјалната верзија за „признанието“ и „доброволно предавање“ на жалителот и јасно спротивна со неговата писмена изјава пред Судот, неговата наводна изјава на јавна расправа во Таџикистан и деталниот и кохерентен опис на настаните пријавен од страна на неговите застапници заснован на информации собрани од различни извори. Понатаму, идејата за „доброволно предавање“ не одговара на писмената изјава на таткото на жалителот, кому не му била одобрена средба со жалителот од причина што тој не соработувал со властите на Таџикистан во нивните напори да го вратат жалителот во земјата (види параграф 41). Понатаму, иако се повикува на официјалната верзија на Таџикистан, тужената Влада не ја поткрепи ниту со еден конкретен доказ, а уште помалку да објасни на било кој начин, како и кога жалителот успеал да изведе толку долго патување преку неколку државни граници во толку краток временски период без неговиот пасош или без било каков официјален запис за неговото преминување на руската граница. На крај, Судот смета дека е тешко да се спои официјалната верзија на Таџикистан на „доброволно предавање“ со постојаните тврдења на жалителот пред руските власти и Судот во текот на претходните две години со единствена цел да се спречи неговото враќање во Таџикистан.
135. Судот затоа не ја прифаќа официјалната верзија на Таџикистан, пренесена од руската Влада, дека жалителот „доброволно им се предал“ на таџикистанските органи. Со оглед на кохерентноста на верзијата на настаните презентирана од жалителот, и нејасната и неубедлива позиција на тужената Влада и недостатокот на докази доставени од истата, Судот заклучува дека жалителот бил присилно вратен најдоцна на 3 ноември 2011 година во Таџикистан, каде надлежните органи веднаш го ставиле во притвор додека трае кривичната постапка против него.
136. Понатаму, Судот смета, во врска со горниот заклучок, дека верзијата на жалителот за неговото киднапирање на 31 октомври 2011 година од страна на неидентификувани лица во Москва е кохерентна и поткрепена со повеќе изведени заклучоци. Всушност, присилен трансфер во секој случај би започнал со ограничување на слободата на лицето за кое станува збор. Според Судот, не се чини дека е неверојатно дека жалителот бил уапсен во Москва и притворен во изолација [incommunicado] кратко време пред неговиот присилен трансфер во Таџикистан. Од тоа што Владата на презентира било каква алтернативна верзија во врска со тоа што се случило со жалителот помеѓу 31 октомври и 2 ноември 2011 година, и најважно, од намерното и постојано одбивање на надлежните органи да спроведат делотворна истрага за тие настани (види параграфи 193-196 подолу), Судот изведува категорички заклучоци кои одат во прилог на верзијата на жалителот. Судот е особено вчудовиден од објаснувањето дадено за одбивањето на истражителите да отворат кривична истрага за инцидентот: дека жалителот наводно се обидел да го исценира неговото киднапирање со цел да избегне кривична одговорност во Таџикистан (види параграфи 56 и 63 погоре). Судот смета дека таа претпоставка нима никаква смисла, затоа што истражителите веќе знаеле, или требале да знаат дотогаш (март-јули 2012 година), дека исчезнувањето на жалителот во Москва довело до негово апсење, притвор, кривична постапка против него и осуда во Таџискистан.
137. На крај, затоа што Владата не успеа да докаже дека верзијата на настаните дадена од жалителот е неточна, Судот може само да ја прифати верзијата дека жалителот бил присилно пренесен од Москва во Таџикистан со авион, како што тој изјави во неговите поднесоци. Всушност, со оглед на краткото време кое поминало од киднапирањето на жалителот во Москва и неговото ненадејно појавување во рацете на полицијата на Куџанд, и со оглед на големата оддалеченост помеѓу двата града (приближно 3,500 км по копнен пат), нема ништо со што би се негирало тврдењето на жалителот дека тој бил пренесен по воздушен пат. Повторно, од постојаното одбивање на руските органи да спроведат делотворна истрага и последователното пропуштање од нивна страна да докажат дека верзијата на жалителот е невистинита или да дадат прифатливо алтернативно објаснување, Судот изведува категорички заклучоци во поддршка на верзијата на жалителот.
138. Како заклучок, Судот смета дека е утврдено надвор од разумно сомневање дека жалителот бил киднапиран од страна на неидентиифкувани лица во Москва вечерта на 31 октомври 2011 годинаа, лишен од слобода од страна на неговите киднапери во Москва еден или два дена, потоа присилно однесен од нив на аеродром и ставен на лет до Куџанд во Таџикистан, кадешто бил веднаш ставен во притвор од страна на таџикистанските органи.
139. Што се однесува на наводот на жалителот дека руските органи биле вмешани во неговиот присилен трансфер во Таџикистан, Судот смета дека тој е тесно поврзан со сите други аспекти на неговиот жалбен навод по член 3 и треба да биде оценет во врска со други прашања кои се отвораат под таа одредба, вклучувајќи го и прашањето за адекватноста на домашната истрага за инцидентот.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
140. Жалителот најпрво се жалеше по член 3 од Конвенцијата дека неговата екстрадиција во Таџикистан би довела до негова злоупотреба. Тој покасно го надополни неговиот жалбен навод, тврдејќи дека имало повреда на член 3, затоа што неговото киднапирање во Москва и илегален трансфер во Таџикистан биле возможни само со активна или пасивна вмешаност на руските органи.
141. После овие настани Судот побара од Владата да достави дополнителни опсервации во однос на основаноста на жалбениот навод во врска со две дополнителни прашања кои се поставуваат по член 3 од Конвенцијата. Првото се однесуваше на можното пропуштање од страна на надлежните органи да ја исполнат нивната позитивна обврска да сторат сѐ што може разумно да се очекува од нив за да го заштитат жалителот од вистински и непосреден ризик да биде пренесен во Таџикистан. Второто се однесува на нивната процедурална обврска да спроведат темелна и ефикасна истрага за киднапирањето и трансферот на жалителот во Таџикистан. Член 3 гласи:
„Никој нема да биде подложен на тортура ило нечовеко или понижувачко постапување или казнување.“
A. Аргументи на страните
1. Владата
142. Владата најпрво истакна дека жалителот немал статус на жртва, затоа што неговата екстрадиција била одложена откако биле наредени времени мерки од страна на Судот. Таа исто така тврдеше дека екстрадицијата на жалителот во Таџикистан, во секој случај, не би го изложила на ризик од злоупотреба. Според Владата, оваа жалба се разликувала од неколкуте претходни случаи за кои Судот има одлучено во однос на Таџикистан, затоа што жалителот бил обвинет за обични кривични дела, а не бил прогонуван од политички причини. Покрај тоа, таа сметаше дека гаранциите обезбедени од страна на Канцеларијата на главниот обвинител на Таџикистан претставуват адекватен механизам за заштита од злоупотреба или политичко прогонување на жалителот. Владата се повика на тоа што нема ниту еден инцидент во кој има повреда од страна на Таџикистан на гаранции дадени во случаи на екстрадиција. Таа исто така истакна дека, после детално испитување на сите наводни ризици и на доказите доставени од жалителот на јавна расправа, руските судови не утврдиле пречка за екстрадицијата на жалителот.
143. После присилниот трансфер на жалителот во Таџикистан и дополнителните прашања поставени од Судот, Владата негираше било каква одговорност за она што му се случило на жалителот. Таа истакна дека слободата на движење на жалителот не била ограничена на било кој начин после неговото пуштање на слобода на 20 мај 2011 година и дека надлежните органи немале никаква обврска да спроведат било какво набљудување и следење во овој поглед.. Владата го извести Судот за предистражните проверки спроведени од страна на истражните органи и за нивните повеќекратни одбивања да отворат кривична истрага затоа што немало corpus delicti.
2. Жалителот
144. Жалителот најпрво истакна дека тој сѐуште имал статус на жртва затоа што без успех ги искористил сите домашни лекови за оспорување на решението за екстрадиција. Тоа останувала валидно и извршно во релевантниот период и против него не можело да се поднесе жалба. Тој се повика на воспоставената судска пракса на Судот со која се потврдува статус на жртва на жалители во слични ситуации. Тој исто така тврдеше дека надлежните органи не го оцениле ризикот од злоупотреба на кој тој бил изложен во Таџикистан и дека не добил суштински одговор на неговите постојани и детални поднесоци во тој поглед. Наместо тоа, надлежните органи ги оцениле можните пречки за екстрадиција од перспектива на интересите на државата и исклучиле било каков ризик врз основа на дипломатските гаранции дадени од властите на Таџикистан кои не биле поткрепени со било какви докази и затоа и неверодостојни. Жалителот заклучи дека пристапот заземен од страна на домашните органи и поддржан од Владата пред Судот бил преформалистички. На крај, жалителот истакна дека лицата осомничени за вмешаност во ИДУ, како што бил и самиот тој, биле таргетирани од таџикистанските власти и затоа биле изложени на особен ризик од злоупотреба во Таџикистан. Тој заклучи дека имало доволно докази дека неговата екстрадиција би го изложила на вистински ризик од постапување кое не е компатибилно со член 3 од Конвенцијата.
145. Жалителот истакна дека после неговото киднапирање надлежните органи биле веднаш известени и од нив било побарано да го заштитат од присилен трансфер во Таџикистан. Сепак, тие не презеле итни и ефикасни мерки, додека пријавите на жалителот биле пренесувани од еден орган на друг. Исто така, надлежните органи не спровеле било каква истрага за тие настани. Жалителот сметаше дека продолженото пропуштање од страна на Владата да посочи каде тој се наоѓа било индикација за директната вмешаност на органите во неговото киднапирање и присилен трансфер во Таџикистан. Жалителот инсистираше дека тој не можел легално да ја помине државната граница без неговиот пасош, имајќи само уверение за привремен азил. Понатаму, било каков трансфер преку државната граница против негова волја и без официјална дозвола бил невозможен, затоа што во релевантниот период аеродромот Домодедово бил предмет на засилени безбедносни мерки после терористичките напади од јануари 2011 година на тој аеродром. Во поддршка на неговото тврдење дека Русија имала улога во неговото киднапирање и трансфер, жалителот се повика на заклучоците на Судот во сличен случај (Iskandarov, цитиран погоре, параграф 113). Жалителот исто така истакна дека неговото отстранување од руска територија било резултат или на заедничка операција на безбедносните служби на двете земји или на операција на безбедносната служба на Таџикистан спроведена со помош на руските органи.
Б. Оцена на Судот
1. Допуштеност
146. Судот воочува дека екстрадицијата на жалителот била потврдена со правосилна домашна судска одлука којашто останувала во сила и не можела да биде укината со времените мерки издадени од Судот, кои довеле само до привремено одложување на екстрадицијата. Како последица на тоа, декларираното почитување од страна на надлежните органи на времените мерки само по себе не му го одзема статусот на жртва на жалителот согласно Конвенцијата. Приговорот на Владата, на кој се чини дека таа не останува во покасната фаза од постапката пред Судот, во секој случај нема смисла со оглед на присилниот трансфер на жалителот во Таџикистан на почетокот на ноември 2011 година. Судот исто така воочува дека жалбениот навод на жалителот не е очигледно неоснован во смисла на члн 35, став 3 (а) од Конвенцијата и дека не е недопуштен по било кој друг основ. Затоа мора да биде прогласен за допуштен.
2. Основаност
147. Судот на почетокот воочува дека овој случај отвора три одделни прашања по член 3 од Конвенцијата, имено можното пропуштање на надлежните органи да ги исполнат нивните позитивни обврски да го заштитат жалителот од вистински и непосреден ризик од присилен трансфер во Таџикистан; нивното пропуштање да ја исполнат процедуралната обврска да спроведат темелна и ефикасна истрага за неговото киднапирање и трансфер; и, на крај, нивната наводна одговорност за вмешаност на службени лица во настаните кои се предмет на жалба. Судот исто така воочува дека при неговото одлучување по тие прашања ќе се осврне особено на постоењето на основан ризик дека жалителот може да биде подложен на злоупотреба во Таџикистан во релевантниот период. Страните не се согласија по последното прашање. Судот затоа ќе ја започне својата анализа со оценување на тоа дали присилниот трансфер на жалителот во Таџикистан го изложил на таков ризик. Потоа ќе ги анализира, едно по едно, трите одделни прашања по член 3, кои беа споменати погоре.
(a) Дали враќањето на жалителот во Таџикистан го изложило на вистински ризик од постапување кое е спротивно на член 3
(i) Општи принципи
148. Воспоставена судска пракса на Судот е дека протерувањето или екстрадицијата од страна на држава договорничка може да доведе до проблематично прашање по член 3, и оттука и да доведе до одговорност на таа држава според Конвенцијата, кога биле покажани сериозни причини за да се верува дека засегнатото лице, ако биде депортирано, се соочува со вистински ризик да биде подложено на постапување кое е спротивно на член 3 (види Saadi против Италија [ГСС], бр. 37201/06, параграф 125, ECHR 2008, и Soering против Обединетото Кралство, 7 јули 1989 година, параграф 91, Серија A бр. 161).
149. Оцената на тоа дали има основани причини за да се верува дека жалителот се соочува со вистински ризик да биде подложен на постапување со кое се прекршува член 3 неизбежно наложува Судот да ги оцени условите во земјата на дестинација [земјата која бара есктрадиција] во однос на стандардите на таа одредба на Конвенцијата (види Mamatkulov и Askarov против Турција [ГСС], бр. 46827/99 и бр. 46951/99, § 67, ECHR 2005‑I). Овие стандарди подразбираат дека злоупотребата со која жалителот тврди дека ќе биде соочен ако биде вратен мора да достигне минимално ниво на суровост за да потпадне во опсегот на член 3. Оцената во тој поглед е релативна и зависи од сите околности на случајот (види Hilal против Обединетото Кралство, бр. 45276/99, параграф 60, ECHR 2001‑II).
150. При утврдувањето дали било докажано дека жалителот е изложен на вистински ризик да биде подложен на постапување кое е забрането со член 3 ако биде екстрадиран, Судот ќе го испита ова прашање со оглед на сите материјали кои му се доставени или, ако е неопходно и со материјали добиени proprio motu (види Saadi, цитиран погоре, параграф 128). Затоа што карактерот на одговорноста на државите договорнички по член 3 во случаи од овој вид е во актот на изложување на поединецот на ризик од злоупотреба, постоењето на ризикот мора да биде оценето пред сѐ во однос на тие факти кои биле познати или требало да ѝ бидат познати на државата договорничка во моментот на екстрадиција: на Судот сепак не му е забрането, да ги земе предвид информациие кои ќе се добијат и после есктрадицијата. Тоа може да биде значајно за потврдување или негирање на оцената направена од страна на државата договорничка или оправданоста или неоправданостс на стравувањата на жалителот (види Cruz Varas и други против Шведска, 20 март 1991, параграфи 75-76, Серија A бр. 201; Vilvarajah и други против Обединетото Кралство, 30 октомври 1991 година, параграф107, Серија А бр. 215; и Mamatkulov и Askarov, цитиран погоре, параграф 69).
151. Во принцип, жалителот треба да изведе докази со кои може да се докаже дека има сериозни причини за да се верува дека, ако мерката која е предмет на жалба биде имплементирана, тој би бил изложен на вистински ризик да биде подложен на постапување спротивно на член 3 (види N.против Финска, бр. 38885/02, параграф 167, 26 јули 2005 година). Кога се изведени такви докази, на Владата е да ги исклучи сите сомневања во врска со тоа (види Ryabikin против Русија, бр. 8320/04, параграф 112, 19 јуни 2008 година).
152. Што се однесува на генералната ситуација во определена земја, Судот може да им даде определена важност на информациите содржани во понови извештаи на независни меѓународни здруженија за заштита на човекови права или владини извори (види Saadi, цитиран погоре, параграф 131, со понатамошни референци). Понатаму, при оцената дали има ризик од злоупотреба во земјата која бара екстрадиција, Судот ја оценува генералната ситуација во таа земја, земајќи предвид секакви индикации за подобрување или влошување на состојбата на човековите права генерално или во однос на конкретна група или област кои може да бидат релевантни за личните околности на жалителот (види, mutatis mutandis, Shamayev и други против Грузија и Русија, бр. 36378/02, параграф 337, ECHR 2005‑III).
153. Во исто време, упатувањето на генерален проблем во однос на почитувањето на човековите права во конкретна земја не може само по себе да служи за одбивање на барање за екстрадиција (види Dzhaksybergenov против Украина, бр. 12343/10, параграф 37, 10 февруари 2011 година). Кога изворите на информации со кои Судот располага опишуваат генерална ситуација, конкретните наводи на жалителот во даден случај треба да бидат поткрепени со други докази, со упатување на индивидуалните околности кои ги докажуваат неговиот страв од злоупотреба (види Mamatkulov и Askarov, цитиран погоре, параграф 73, и Dzhaksybergenov, цитиран погоре, ibid.). Судот нема да бара докази за такви индивидуални околности само во најекстремните случаи кога генерална ситуација на насилство во земјата која бара екстрадиција е од таков интензитет да создава таков вистински ризик да секое пренесување на лица во таа земја нужно би го повредило член 3 (види N.A. против Обединетото Кралство, бр. 25904/07, параграфи 115-16, 17 јули 2008 година, и Sufi и Elmi против Обединетото Кралство, бр. 8319/07 и 11449/07, параграф 217, 28 јуни 2011 година). Во случај во кој биле дадени гаранции од државата која бара екстрадиција, тие гаранции претставуваат дополителен релевантен фактор кој Судот ќе го земе предвид. Сепак, гаранциите сами по себе не се доволни за да осигураат адекватна заштита од ризик од злоупотреба. Постои обврска да се испита дали гаранциите, во нивната практична примена, обезбедуваат доволно гаранции дека жалителот ќе биде заштитен од ризик од злоупотреба. Тежината која треба да им се даде на гаранциите понудени од државата која бара екстрадиција зависи, во секој случај, од околностите кои преовладувале во релевантниот период (види Saadi, цитиран погоре, параграф 148, и Othman (Abu Qatada) против Обединетото Кралство, бр. 8139/09, параграф 187, ECHR 2012 (извадоци)).
(ii) Примена [на општите принципи]во овој случај
154. Судот воочува дека жалителот тврдел пред домашните судови дека неговата екстрадиција би го изложила на вистински ризик да биде подложен на постапување кое е спротивно на член 3. Во неговите барања да му биде признат статус на бегалец и да му биде одобрен азил тој исто така го истакнал, јасно и недвосмислено, својот страв од злупотреба. Владата истакна дека аргументите на жалителот биле адекватно разгледани од страна на домашните судови и потоа отфрлени.
155. Судот повторува дека, кога имало домашна постапка, како во овој случај, задачата на Судот не е да ја замени својата оцена на фактите со оцената на домашните судови и, по правило, на тие судови е да ги оценат доказите кои се изведени пред нив (види, помеѓу други претходни пресуди, Giuliani и Gaggio против Италија [ГСС], бр. 23458/02, параграфи 179-80, 24 март 2011 година). Сепак, тоа не треба да доведе до откажување од одговорноста на Судот и одрекување од секаков надзор на резултатите добиени со користење на домашни правни лекови, зошто во спротивно правата гарантирани со Конвенцијата би останале без суштина (види Open Door и Dublin Well Woman против Ирска, 29 октомври 1992 година, параграф 69, Series A no. 246‑A, и Scordino против Италија (бр. 1) [ГСС], бр. 36813/97, параграф 192, ECHR 2006‑V). Според член 19 од Конвенцијата, должноста на Судот е да осигура почитување на обврските преземени од страна на договорните страни на Конвенцијата.
156. Во однос на екстрадиција или депортација, ова значи дека во случаи кога жалителот ќе даде основани причини кои предизвикуваат сомневање во точноста на информациите на кои се повикува тужената Влада, Судот мора да биде убеден дека оцената направена од страна на надлежните органи на државата договорничка е адекватна и доволно поткрепена со домашни документи како и со материјали кои произлегуваат од други веродостојни и објективни извори, како што се, на пример, други држави договорнички или држави кои не се договорни страни на Конвенцијата, агенции на Организацијата на Обединетите нации, и угледни невладини организации (види Salah Sheekh против Холандија, бр. 1948/04, параграф 136, 11 јануари 2007 година, и Ismoilov и други против Русија, бр. 2947/06, параграф 120, 24 април 2008 година). Затоа, Судот најпрво ќе испита дали на жалбениот навод на жалителот му бил даден адекватен одговор на национално ниво.
(α) Домашна постапка
157. Жалителот не се согласи со оцената на Владата за домашната постапка, тврдејќи дека неговите постојани и детални поднесоци во врска со ризикот од злоупотреба на кој би бил изложен во Таџикистан биле испитани од судовите формалистички без да бидат одговорени во суштина.
158. Со оглед на поднесоците на жалителот до домашните судови и во постапката за екстрадиција и во постапката за азил, Судот е убеден дека тој пред релевантните органи конзистентно го истакнувал прашањето за ризикот дека тој би бил изложен на постапување со кое се прекршува член 3 од Конвенцијата, истакнувајќи повеќе конкретни и детални аргументи.
159. Што се однесува на постапката за азил, со одлуката донесена на 26 август 2010 година од страна на заменик директорот на ССМ не се оценува дали жалителот би бил изложен на ризик да биде мачен или злоупотребуван во Таџикистан. Со неговата одлука воглавно се анализирало друго прашање: дали жалителот би бил прогонуван во Таџикистан по политички или верски основ. ССМ заклучила дека тоа нема да биде случај, воочувајќи истовремено дека постоењето на оправдан страв тој да стане жртва од тортура или злоупотреба може да биде причина за на жалителот да му биде доделен привремен азил во Русија. Судовите, сметајќи ја одлуката на ССМ за убедлива, само ја потврдиле по сите точки, без понатаму да го анализираат постоењето на било каков ризик за жалителот (види параграф 29 погоре).
160. Што се однесува на постапката за екстрадиција, Судот воочува дека Градскиот суд во Москва го нотирал наводот на жалителот дека тој бил изложен на ризик да биде злоупотребен и одговорил на тој навод, иако накусо, во неговата одлука од 29 октомври 2010 година. Судот исто така допуштил да бидат приклучени кон списите на предметот поднесоците на жалителот во кои биле содржани пресуди на Судот во слични случаи, изјави на вештаци и различни извештаи за состојбата на човековите права во Таџикистан (види параграф 22 погоре).
161. Сепак, Градскиот суд не ги употребил тие материјали и ги одбил на најкус и дури и површен начин сите аргументи кои жалителот ги извлекол од тие материјали. Така, Судот заклучил дека аргументите на жалителот се неосновани, квалификувајќи ги како „претпоставки“ кои „на никој начин не биле потврдени“ и кои биле „во целост соборени“, помеѓу другото, со писмените гаранции дадени од Заменик главниот обвинител на Република Таџикистан (види параграф 23 погоре). Општите термини употребени на Градскиот суд за отфрлање на жалбата на жалителот не оставиле простор за било каква квалификувана оцена на неговите лични околности и поврзаниот ризик за неговата безбедност од аспект на условите од Конвенцијата. Наместо тоа, Градскиот суд се ограничил на формалистичко повторување на обвиненијата подигнати против жалителот во Таџикистан, на тој начин пропуштајќи да го разработи еден од најкритичните аспекти на случајот (види mutatis mutandis, C.G. и други против Бугарија, бр. 1365/07, параграф 47, 24 април 2008 година). Судот смета дека е особено изненадувачки во тој контекст дека Градскиот суд исто така го игнорирал приговорот на жалителот во однос на некои обвиненија кои се однесувале на активности во 1992 година кои не можеле да му бидат припишани затоа што бил многу млад во релевантниот период (види параграфи 20 и 23 погоре).
162. Што се однесува на обемното повикување на судската пракса на Судот која се однесува на претодни случаи на екстрадиција од Русија во Таџикистан, тоа било отфрлено од Градскиот суд како ирелевантно од причина што четирите пресуди на кои се повикувале и жалителот и вештакот се однесувале на „други лица, но, не на жалителот“(види параграфи 22-23 погоре). Сепак, при носењето на тој заклучок, Градскиот суд не се обидел да размисли за можни паралели помеѓу четирите случаи на кои се повикала одбраната и ситуацијата на жалителот, а уште помалку да ги примени општите принципи воспоставени во тие пресуди за да ги исполни обврските од Конвенцијата во овој случај.
163. Горните недостатоци на анализата на Градскиот суд на наводот на жалителот биле отежнати со неговото необразложено и безусловно повикување на гаранциите дадени од канцеларијата на Обвинителот на Таџикистан. Градскиот суд ентузијастички ги прифатил тие гаранции како цврста гаранција против секаков ризик жалителот да биде подложен на злоупотреба после неговата екстрадиција. И покрај нагласувањето од страна на жалителот и вештакот на сомнителната вредност на тие гаранции, и, особено, на неможноста да се осигура дека тие ќе бидат имплементирани, Градскиот суд не дал одговор на таквото прашање во неговата одлука, користејќи ги гаранциите како одлучувачки аргумент за потврдување на одлуката жалителот да биде екстрадиран. Апсолутното потпирање на Градскиот суд врз гаранциите на таџикистанските власти не било во согласност со обврската да испита дали таквите гаранции даваат, во нивната практична примена, доволно гаранции дека жалителот ќе биде заштитен од ризик од постапувње кое е забрането со Конвенцијата (види Saadi, цитиран погоре, параграф 148).
164. На крај, Судот не наоѓа ништо во одлуката на рускиот Врховен суд од 9 декември 2010 година со што гореспоменатите пропусти би биле исправени по жалба (види параграф 24 погоре).
165. Со оглед на тоа што беше наведено погоре, Судот заклучува дека домашните органи не направиле независна и ригорозна оцена на тврдењето на жалителот дека постоеле сериозни причини за да стравува од вистински ризик од постапување кое е спротивно на член 3 во неговата татковина (види De Souza Ribeiro против Франција [ГСС], бр. 22689/07, параграф 82, 13 декември 2012 година). Иако одлуката на ССМ која била покасно донесена и со која на жалителот му се доделува привремен азил (види параграфи 31 и 96-97 погоре) може во определена мерка да ги исправила последиците од оспорените одлуки со кои се потврдува екстрадицијата на жалителот, Судот смета дека не е соодветно да шпекулира по ова прашање, со оглед на тоа дека покасниот развој на настаните уништил било какви придобивки од привремената заштитна мерка донесена од ССМ во полза на жалителот. Владата не искажа поинаков став по однос на последната поента (види параграфи 142-143 и 146 погоре).
(ß) Оцена на Судот за ризикот на кој бил изложен жалителот
166. Судот затоа мора да направи своја оцена за тоа дали, според фактите кои му се презентирани, враќањето на жалителот во Таџикистан го изложило на постапување со кое се прекршува член 3 од Конвенцијата.
167. Судот на почетокот го воочува постоењето на неколку домашни и меѓународни извештаи, кои во текот на претходните неколку години, конзистентно известуваат за широко распространетата, систематска употреба на тортура од страна на органите за спроведување на правото на Таџикистан и неказнивоста на службените лица. Судот веќе ја има разгледано ситуацијата во неколку случаи во кои жалителите биле екстрадирани или присилно вратени во таа земја и има воочено дека тоа доведува до сериозна загриженост (види Khodzhayev, параграф 97; Gaforov, параграфи 130-31; Khaydarov, параграф 104; и Iskandarov, параграф 129, сите цитирани погоре). Во сите тие случаи одлучени од страна на Судот во 2010 година, тој заклучил дека во релевантиот период жалителите се соочувале со сериозен ризик од тортура или злоупотреба поради кривичните обвиненија поврзани со нивните политички или религиозни ставови или активности во Таџикистан.
168. Откако ги испита материјалите кои беа доставени во овој случај и тие кои му се на друг начин достапни, Судот не наоѓа ниту еден конкретен елемент со кој би се ублажила таа сериозна загриженост во оваа фаза. Всушност, ништо не покажува дека ситуацијата радикално се подобрила во Таџикистан во текот на последните две години. Напротив, поновите извештаи кои датираат од 2011 и 2012 година се чини дека ја потврдуваат контиунираната практика на тортура и друг вид на злоупотреба од страна на службеници за спроведување на правото (види параграфи 104-107 погоре). Ризикот од тортура се чини дека е дополнително зголемен со вообичаената полициска пракса на лишување од слобода во изолација [incommunicado] пред формално да се отвори кривичен предмет, и сѐуште има известувања дека признанија изнудени под принуда се користат како докази пред суд (ibid.). Судот не наоѓа ништо во поднесоците на Владата со што би се негирале тие понови извештаи или што на друг начин би посведочило за било какво воочливо подобрување на ситуацијата во Таџикистан. Во исто време, Судот воочува дека одлуката донесена од самиот заменик директор на ССМ на 26 август 2010 година го потврдува постоењето на обемна меѓународна критика на употребата на тортура и неказнивоста на одговорните службени лица во Таџикистан, без да извести за било какво позначајно подобрување во тој поглед (види параграф 27 погоре).
169. Сепак, како што веќе Судот изјави погоре, повикувањето само на општ проблем во однос на почитување на човековите права во конкретна земја не може само по себе да служи како основа за да се одбие екстрадиција, освен во најекстремните околности. Конкрените наводи на жалителот во даден случај треба да бидат поткрепени со други докази за неговите индивидуални околности кои го докажуваат неговиот страв од злоупотреба. Тие околности треба да бидат оценети од Судот, кога е тоа соодветно, со оглед на информациите кои биле добиени после присилниот трансфер на жалителот во Таџикистан.
170. Свртувајќи се кон личната ситуација на жалителот, Владата тврдеше дека тој не бил изложен на ризик од злоупотреба, затоа што тој бил обвинет за обични кривични дела и не бил прогонуван од било каква политичка причина. Судот сепак воочува, дека едно од главните обвиненија против жалителот директно се однесувало на неговата вмешаност во „криминална група“, и покасно во ИДУ, кое канцеларијата на Обвинителот на Таџикистан го квалификувала како „вооружена криминална група“. Било експлицитно потврдено од руските органи дека ИДУ се залагало за „радикален Ислам“ и дека таџикистанските власти се обидувале да го ограничат неговото влијание (види параграф 27 погоре). Судот затоа не може лесно да го прифати ставот на Владата дека наводната вмешаност на жалителот во ИДУ било кривично обвинение кое не е поврзано со неговите верски или политички активности.
171. Судот во врска со тоа исто така воочува дека жалителот побегнал од Таџикистан после наводната злоупотреба и смрт во притвор на неговиот верски учител, г-н Marufov (види параграф 12 погоре). За овие настани исто така извести и една угледна меѓународна НВО (види параграф 102 погоре) и тие никогаш не беа оспорени пред Судот. Тие околности го поткрепуваат стравот на жалителот дека кривичната постапка поведена против него била поврзана со неговите верски ставови и активности. Тоа што се сметало дека жалителот ги исполнува условите за меѓународна заштита под мандат на УНХЦР и тоа што на крај му бил одобрен привремен азил во Русија исто така оди во прилог на реалноста на ризикот на кој тој бил изложен во неговата татковина (види параграфи 30-31 погоре).
172. Понатаму, постои општа согласност дека активностите на ИДУ биле забранети со закон во Таџикистан и дека таџикистанските власти го сметале тоа движење за терористичка организација. Последователно, наводната вемшаност на жалителот во ИДУ и соодветните кривични обвиненија против него според Судот, неизбежно отворале, важно прашање за националната безбедност. Од таа перспектива, ситуацијата на жалителот е слична со ситуацијата анализирана од страна на Судот во случајот Gaforov (цитиран погоре, параграфи 132-33). Судот не се согласува со позицијата на Градскиот суд, кој сметал дека споменатата пресуда била ирелевантна за оцената на личната ситуација на жалителот во овој случај. Според Судот, кривичното гонење на жалителот заради неговата вмешаност во ИДУ, погледнато во контекст на вознемирувањето на нетрадиционални религиозни групи од страна на таџикистанските власти, го зајакнува ризикот тој да биде подложен на злоупотреба во притвор со цел да се изнудат признанија поврзани со неговите верски активности.
173. Со оглед на факторите наведени погоре, Судот зазема став дека личните околности на жалителот, заедно со општата состојба на човековите права во земјата која бара екстрадиција, давале доволна основа од која може да се изведе заклучок дека тој се соочувал со вистински ризик од злоупотреба во Таџикистан.
174. За разлика од Владата, Судот не гледа како ризикот на кој жалителот бил изложен во Таџикистан би можел да биде ублажен со дипломатските гаранции кои таџикистанските власти ги дале на Руската Федерација. Гаранциите биле непрецизни и не содржеле уверување дека тие ќе бидат применети во пракса (види Saadi, цитиран погоре, параграф 148). Затоа, тие не можеле на ниту еден начин да го променат ризикот дека жалителот ќе биде изложен на злоупотреба во државата која бара екстрадиција (види, спротивно, Othman, цитиран погоре, параграф 207, и Gasayev против Шпанија (одлука), бр. 48514/06, 17 февруари 2009 година). Всушност, тие гаранции се покажале како во целост неверодостојни, со оглед на начинот на кој со жалителот било постапено од страна на таџикистанските власти при неговиот присилен трансфер во таа земја, со кој биле заобиколени сите правни процедури, вклучително и времените мерки издадени од Судот.
175. И присилниот трансфер на жалителот во Таџикистан и настаните кои следеле потоа, несомнено ја потврдиле основаноста на неговите стравови и покажале дека ризикот од злоупотреба не бил теоретски и пренагласен. Според писмената изјава на адвокатот кој учествувал на судењето на жалителот, тој на јавна расправа се жалел за неговото киднапирање, присилен трансфер и мачење со цел од него да се изнуди признание. Сепак, нема информации дека бил извршен форензички лекарски преглед на жалителот и неговиот сообвинет, и покрај официјалното барање на роднините за таа цел (види параграфи 67-68 погоре). Судот воочува дека ситуацијата, како што е опишана, одговара на загриженоста искажана од Комитетот против тортура на ООН во однос на попречувањето на пристап на жртвите кон независна лекарска експертиза (види го извештајот на Комитетот цитиран во Khodzhayev, параграф 72, и Gaforov, параграф 93, цитирани погоре).
176. Со оглед на тоа што беше наведено претходно, Судот заклучува дека присилното враќање на жалителот во Таџикистан го изложило на вистински ризик од постапување кое е спротивно на член 3 од Конвенцијата.
(б) Дали надлежните органи ја почитувале нивната позитивна обврска да го заштитат жалителот од вистински и неспореден ризик од присилен трансфер во Таџикистан
177. Жалителот тврдеше дека руските органи не го заштитиле од вистински и непосреден ризик од присилен трансфер во Таџикистан за кој тие знаеле дека постои.
178. Судот заклучи дека дека вечерта на 31 октомври 2011 година жалителот бил киднапиран во Москва од страна на неидентификувани лица кои го лишиле од слобода еден или два дена на непозната локација пред да го пренесат со авион во Таџикистан, каде бил изложен на вистински ризик од постапување спротивно на член 3 (види параграфи 138 и 176 погоре).
179. Судот повторува дека обврската на договорните страни, според член 1 од Конвенцијата, да им ги обезбедат на сите под нивна надлежност правата и слободите дефинирани со Конвенцијата, земена заедно со член 3, наложува државите да преземаат мерки кои се предвидени за да осигураат дека лицата кои се под нивна надлежност не се подложени на тортура или нечовечко или понижувачко постапување, вклучително и таква злоупотреба која е спроведена од страна на приватни лица (види El Masri, цитиран погоре, параграф 198, и Mahmut Kaya против Турција, бр. 22535/93, параграф 115, ECHR 2000‑III). Тие мерки треба да обезбедат ефикасна заштита, особено, на ранливи лица и да содржат разумни чекори за спречување на злоупотреба за која надлежните органи знаеле или требале да знаат (види Z и други против Обединетото Кралство [ГСC], бр. 29392/95, параграф 73, ECHR 2001‑V, и, mutatis mutandis, Osman против Обединетото Кралство, пресуда од 28 октомври 1998 година, Збирки на пресуди и одлуки, 1998-VIII, стр. 3159-60, параграф 115).
180. Според Судот, горните принципи логички се применуваат и на ситуацијата на изложеност на поединец на вистински и непосреден ризик од тортура и злоупотреба преку негов трансфер од страна на било кое лице во друга држава. Кога надлежните органи на држава договорничка се известени за таков вистински и неспореден ризик, тие имаат обврска според Конвенцијата да преземаат, во рамките на нивните надлежности, такви превентивни оперативни мерки, кои, разумно ценето, може да се очекува да бидат преземени за да се избегне тој ризик (види, mutatis mutandis, Osman, цитиран погоре, параграф 116).
181. Свртувајќи се кон околностите на овој случај, Судот воочува на почетокот дека застапничката на жалителот веднаш го известила началникот на полицијата на град Москва, директорот на ССМ, Главниот обвинител и застапникот на Руската Федерација пред Судот за киднапирањето на жалителот на 31 октомври 2011 година и побарала од нив да го заштитат од поврзаниот со тоа киднапирање, непосреден ризик за негов присилен трансфер во Таџикистан (види параграфи 46-48 погоре). Судот е убеден дека застапничката на жалителот им се обратила на релевантните државни органи навремено, дала доволно докази за ранливата ситуација на жалителот и истакнала сериозни причини кои наложуваат вонредни мерки за заштита од вистинскиот и непосреден ризик со кој тој се соочувал.
182. Важно е што, наводот на застапничката на жалителот бил веднаш прифатен од рускиот Комесар за човекови права, кој исто така испратил официјално барање до началникот на полицијата на градот Москва итно да ги преземе сите можни мерки за спречување на трансфер на жалителот од Москва во Таџикистан, поконкретно преку аеродром во Москва (види параграф 49 погоре).
183. Судот затоа е убеден дека надлежните органи и, особено, полицијата на град Москва, биле запознати – или требало да бидат запознати – со вистинскиот и непосреден ризик жалителот да биде пренесен во Таџикистан од страна на неговите киднапери преку еден од московските аеродроми. Всушност, околностите во кои жалителот бил киднапиран и она што му претходело на неговото киднапирање не требало да остават било какво сомневања за постоењето на тој ризик и требало да ги натераат надлежните органи да преземат превентивни оперативни мерки за да го заштитат од незаконити акти на други лица, кои и да се тие (види, mutatis mutandis, Koku против Турција, бр. 27305/95, параграф 132, 31 мај 2005 година, и Osmanoğlu против Турција, бр. 48804/99, параграф 76, 24 јануари 2008 година). Судот е исто така убеден дека помеѓу органите кои застапничката на жалителот ги контактирала, полицијата, повеќе од било кој друг, имала законска должност да ја осигура безбедноста и спроведувањето на правото во градот Москва и на неговите аеродроми, и ѝ биле доверени потребните овластувања за да осигура дека се воведени итни и ефикасни мерки за заштита на жалителот.
184. Владата и покрај тоа не го извести Судот за било каква навремена заштитна мерка преземена од страна на полицијата или било кој друг орган за избегнување на тој ризик. Нејзиниот одговор беше сведен на генерална изјава дека слободата на движење на жалителот не била ограничена во релевантниот период и дека надлежните органи немале никава обврска да спроведат било какво набљудување и следење во тој поглед.
185. Тоа што Владата не достави било какви информации во тој поглед, го наведува Судот да го прифати ставот на жалителот дека не била преземена таква мерка од ниту еден орган. Судот е свесен за неизбежните потешкотии со кои полицијата би можела да биде соочена во случај како што е овој, објективните пречки кои се неделиви од таа задача и ограниченото време кое им било на располагање. Тие потешкотии сепак не можат да ги ослободат релевантните органи од нивната обврска, од член 3 од Конвенцијата, да преземат, во рамките на нивните овластувања, такви превентивни оперативни мерки кои можело разумно да се очекуваат од нив за заштита на жалителот од негов присилен трансфер во Таџикистан, посебно преку аеродром во Москва. Пропуштањето на надлежните органи да преземат такви мерки во овој случај доведува до повреда на позитивните обврски на државата од член 3 од Конвенцијата.
(в) Дали надлежните органи спровеле ефикасна истрага
186. Жалителот тврдеше дека неговиот жалбен навод за киднапирање и присилен трансфер, со поврзаното изложување на злоупотреба, не бил проследен со темелна и ефикасна истрага од страна на тужената држава, како што е тоа наложено со член 3 од Конвенцијата.
187. Судот повторува дека член 3, земен заедно со општата должност на државата од член 1 од Конвенцијата „да им ги обезбеди на сите во нејзина надлежност правата и слободите дефинирани во ...Конвенцијата“, наложува по импликација дека треба да има ефикасна официјална истрага за секој докажлив навод [arguable claim] за тортура или злоупотреба од страна на службени лица на државата. Таквата истрага треба да може да доведе до идентификација и казнување на оние кои се одговорни. Во спротивно, генералната правна забрана на тортура и нечовечко и понижувачко постапување и казнување, покрај нејзината фундаментална важност, би била неефикасна во пракса и би било возможно во некои случаи службените лица на државата да ги злуопотребуваат правата на оние кое се под нивна контрола со речиси целосна неказнивост (види Assenov и други против Бугарија, 28 октомври 1998 година, параграф 102, Збирки 1998‑VIII, и El Masri, цитиран погоре, параграф 182).
188. Истрагата за сериозни наводи за злоупотреба мора да биде и навремена и темелна. Тоа значи дека надлежните органи мора секогаш да направат сериозен обид да откријат што се случило и не треба да се потпираат на избрзани или неосновани заклучоци за да ја затворат нивната истрага или да ги користат како основа за нивните одлуки (види Assenov и други, цитиран погоре, параграф 103; Batı и други против Турција, бр. 33097/96 и 57834/00, параграф 136, ECHR 2004‑IV (извадоци); и El Masri, цитиран погоре, параграф 183). Tие мора да ги преземат сите разумни мерки кои им стојат на располагање за да ги обезбедат доказите во врска со инцидентот, вклучувајќи, помеѓу другото, сведочење на очевидци и форензички докази (види Tanrıkulu против Турција [ГСC], бр. 23763/94, параграф 104, ECHR 1999‑IV; Gül против Турција, бр. 22676/93, параграф 89, 14 декември 2000 година; и El Masri, цитиран погоре, параграф 183).
189. Истрагата треба да биде независна од извршната власт и во институционална и во практична смисла (види Ergi против Турција, 28 јули 1998 година, параграфи 83-84, Збирки 1998‑IV; Oğur против Турција [ГСC], бр. 21594/93, параграфи 91-92, ECHR 1999-III; и Mehmet Emin Yüksel против Турција, бр. 40154/98, параграф 37, 20 јули 2004 година) и да ѝ дозволи на жртвата ефикасно да учествува во истрагата на еден или на друг начин (види, mutatis mutandis, Oğur, цитиран погоре, параграф 92, и El Masri, цитиран погоре, параграфи 184-85).
190. Судот смета дека овие воспоставени обврски од Конвенцијата во целост важат за истрагата која надлежните органи требало да ја спроведат за киднапирањето на жалителот и поврзаната изложеност на злоупотреба и тортура во Таџикистан. Всушност, како што беше нагласено погоре, на надлежните органи им биле доставени релевантни информации и пријави веднаш после киднапирањето на жалителот на 31 октомври 2011 година и тоа довело од предистражни проверки, кои траеле повеќе од една година.
191. Во определена фаза станало очигледно дека жалителот имал prima facie аргумент според член 3 од Конвенцијата кој наложувал ефикасна истрага на домашно ниво. Иако можеби имало некакви сомнежи веднаш после киднапирањето на жалителот во Москва од неидентификувани лица во однос на улогата на руските службени лица во инцидентот, жалбата за последователниот трансфер во Таџикистан преку московски аеродром со кршење на сите законски процедури требало да го привлече највисокиот степен на внимание од страна на надлежните органи, со оглед на тоа дека застапниците на жалителот тврделе дека службени лица биле активно или пасивно вмешани во операцијата. На 30 март 2012 година, заменикот на Меѓурегионалниот обвинител во Никулинскиј изречно побарал истражителот да утврди дали руските органи биле вмешани во наводното киднапирање на жалителот (види параграф 58 погоре).
192. Понатаму, истото прашање беше јасно поставено на 17 јануари 2012 година од страна на Судот (види параграф 8 погоре), кој конкретно побара од Владата да го разјасни клучниот аспект на инцидентот, имено наводното соучесништво помеѓу оние кои го киндапирале жалителот и го пренесле во Таџикистан и руските органи, вклучувајќи ја полицијата, безбедносните служби и службите за гранична контрола (со повикување, mutatis mutandis, на Tsechoyev против Русија, бр. 39358/05, параграф 151, 15 март 2011 година). Барањето за исцрпна истрага на инцидентот беше јасно повторено во дописот од 25 јануари 2012 година кој Секретарот [на Судот] го испрати до руската Влада во име на Претседателот на Судот (види параграф 52 погоре).
193. Со оглед на горенаведеното, резултатите до кои се дошло со домашната истрага, како што се наведени во параграфите 55-65 погоре, се неразбирливи. Прво, истражителите стриктно ги лимитрале нивните дејствија на „предистражни проверки“ согласно член 144 од Законот за кривична постапка, истовремено постојано одбивајќи се да започнат кривична постапка, која би претставувала најдобро, можеби и единствено средство за исполнување на обврските од Конвенцијата за ефикасна истрага наведени во параграфите 187-190 погоре. Со оглед на, особено, ограничената процедурална рамка предвидена со член 144 и пропуштањето да се осигура ефикасно учество на жртвата или неговите застапници во истрагата, Судот има сериозни сомнежи дека предистражната проверка можела да ги исполни горенаведените услови во ситуација во која едно лице има истакнато докажлив навод [arguable complaint] за тортура или злоупотреба, како во овој случај (види, mutatis mutandis, Kleyn и Aleksandrovich против Русија, бр. 40657/04, параграфи 56‑58, 3 мај 2012 година).
194. Второ, процедуралната стратегија која ја употребиле истражните органи во случајот на жалителот создава дополнителни причини за загриженост. Всушност, одлуките со кои истражителите ги затвориле нивните проверки и одбиле да отворат кривична истрага биле веднаш укинати од нивните надредени во најмалку четири наврати, само за да бидат повторно донесени неколку недели покасно со идентична или многу слична содржина (види парагарафи 55-63 погоре). На пример, втората одлука на вишиот истражител, P.K., oд 20 април 2012 година со која се одбива отворањето на кривична истрага од збор до збор ја повторува неговата прва одлука од 21 март 2012 година. Двете одлуки биле укинати со исто така идентични одлуки на раководителот на Одделот за истраги Никулинскиј или неговиот заменик на 23 април и 21 март 2012 соодветно. После нив имало уште две конзекутивни одлуки на истражителите, со кои исто така се одбива барањето да се отвори кривична истрага без да се додаде било каков нов суштински релевантен елемент. Судот е обврзан да заклучи дека процесот на повеќекратно укинување и повторно носење на идентични одлуки од страна на одделот за истраги довело до тоа да постапката е во застој на начин кој не е компатибилен со обврската од Конвенцијата за ефикасна истрага. Не само што било изгубено скапоцено време, туку исто така маѓепсаниот круг во рамките на истражното одделение му оневозможил на жалителот било каква разумна можност да ги оспори одлуките на истражителите пред суд согласно член 125 од Законот за кривична постапка. Во тие околности, Судот не смета дека би било значајно жалителот да добие прилика за судска оцена на тие одлуки, затоа што тоа само би ги навело истражителите да повторат уште еден циклус на нивните бесполезни проверки.
195. Tрето, Судот воочува дека суштината на одлуките на истражителите блиску го отсликува проблематичниот истражен процес истакнат погоре. Нивните одлуки претставуват само збир на општи изјави на фактите, безначајни процедурални барања и упатувања на неверодостојни претпоставки. На пример, дури на 9 јуни 2012 година заменик раководителот на Одделот за истраги Никулинскиј побарал втора проверка дали жалителот ја преминал границата на Таџикистан и дали бил притворен во таа земја (види параграф 62 погоре). Сепак, надлежните органи мора да биле запознати со официјалниот допис од 28 март 2012 година од Главниот обвинител на Таџикистан во кој тој го известува неговиот руски колега дека жалителот бил притворен во Таџикистан во релевантниот период (види параграф 44 погоре). И покрај тој очигледен факт, со одлуката донесена од истражителот на 9 јули 2012 неразбирливо се заклучува дека не било возможно да се потврди или негира информацијата за преминувањето на државната граница од страна на жалителот (види параграф 63 погоре). Исто така, од март до јули 2012 година, истражителите упорно се повикувале на хипотезата дека жалителот можеби го исценирал неговото киднапирање за да избегне кривична одговорност во Таџикистан. Судот веќе заклучи дека оваа хипотеза нема никаква смисла, со оглед на очигледната причинско-последична врска помеѓу киднапирањето на жалителот во Москва и неговото апсење во неговата татковина (види параграф 136 погоре). Во исто време, истражителите не презеле некои елементарни и очигледни истражни мерки, како што е откривање на тоа кои авионски компании имале летови помеѓу Москва и Куџанд во периодото помеѓу 1 и 3 ноември 2011 година и испрашување на безбедносниот и административниот персонал на аеродромот Домодедово, каде жалителот наводно влегол во авион. Наместо тоа, истражителот се повикал само на „проверка“ од страна на ФСБ за можното илегално преминување на руската државна граница од страна на жалителот и со леснотија ја повторил општата реченица дека рускиот закон не предвидувал „запишување на имињата на лица кои ја преминуваат границата“.
196. Според Судот, бројните недостатоци во истрагата кои беа утврдени погоре, и по нивниот карактер и по нивниот обем, се очигледно неконзистентни со обврските на тужената држава кои произлегуваат од член 3 од Конвенцијата.
(г) Дали тужената држава е одговорна поради пасивна или активна вмешаност на нејзини службени лица во присилниот трансфер на жалиелот во Таџикистан
197. Врз основа на фактите кои веќе беа утврдени согласно потребниот стандард на докажување, Судот сега мора да испита дали тужената држава е исто така одговорна според Конвенцијата поради наводната вмешаност на службени лица во трансферот на жалителот во Таџикистан.
198. Иако жалителот не можеше да достави било какви изјави на сведоци, тој тврдеше дека неговиот трансфер во Таџикистан преку московскиот аеродром Домодедово не можел да се случи без знаење и или пасивна или активна вмешаност на руските органи.
199. Судот побара од Владата да објасни во својот одговор како и од кого бил жалителот пренесен од Москва во Таџикистан против негова волја и без исполнување на граничните, царинските и други формалности во Руската Федерација. Сепак, таа не даде било какво објаснување (види параграфи 42-45 и 124 погоре). Како последица на тоа, Судот не доби цврсти убедливи докази ниту во прилог, ниту против наводот на жалителот.
200. Судот во врска со тоа смета дека е соодветно да ги нагласи уште еднаш неговите природни лимити како меѓународен суд кога станува збор за ефективно утврдување на фактите, што, во принцип и како ефективна пракса, треба да биде во домен на домашните органи (види, покрај бројните други пресуди цитирани погоре, Demopoulos и други против Турција (одлука), бр. 46113/99 et al., параграф 69, ECHR 2010). Постапката на Судот во однос на такви контроверзни прашања како тие што се отвораат во овој случај дотолку повеќе зависи од соработката на тужените држави, во согласност со нивната обврска од член 38 од Конвенцијата, да ги обезбедат сите потребни услови за утврдување на фактите. Органите на Конвенцијата повеќе пати имаат нагласено дека таа обврска е од фундаментална важност за правилното и ефикасно функционирање на системот на Конвенцијата (види, помеѓу други пресуди, Tanrıkulu против Турција [ГСС], цитиран погоре, параграф 70, и резолуциите на Комитетот на министри ResDH(2001)66 и ResDH(2006)45). Според Судот, единствениот вистински начин за Русија да ја исполни својата обврска во овој случај бил да осигура дека е спроведена исцрпна истрага за инцидентот и да го извести Судот за резултатите од неа. Сепак, руските органи очигледно не го сторија тоа (види параграфи 193-196 погоре), на тој начин наведувајќи го самиот Суд да ги испита многу контроверзните прашања за кои станува збор наместо домашните органи. Таквото пропуштање од државата договорничка да достави клучни информации и докази го принудува Судот да изведе заклучоци кои убедливо одат во прилог на позицијата на жалителот (правило 44 в, став 1 од Правилата на Судот). Во врска со тоа, Судот исто така му придава голема важност на начинот на кој биле спроведени официјалните проверки, затоа што од тоа се чини дека надлежните органи не сакале да ја откријат вистината за околностите на случајот (види El Masri, цитиран погоре, параграфи 191-93).
201. Судот исто не ги занемарува објективните потешкотии за жалителот да обезбеди докази во поддршка на неговиот навод, затоа што за настаните за кои станува збор биле исклучиво запознати надлежните органи. Неговиот навод беше во голем дел поткрепен со несоборената претпоставка, којашто беше прифатена од Судот во пресудата во Iskandarov (цитиран погоре, параграф 113-15), дека неговиот присилен трансфер во Таџикистан не можел да се случи без знаење и или пасивна или активна вмешаност на руските органи. Неодамна, Судот дојде до истиот заклучок во уште еден сличен случај (види Abdulkhakov против Русија, бр. 14743/11, параграфи 125‑27, 2 октомври 2012 година). И во двата случаја станува збор за многу слични околности во кои жалителите биле присилно пренесени во Таџикистан со авион од Москва или од околниот регион.
202. Судот не гледа ниту една причина за да донесе поинаков заклучок во овој случај. Всушност, не може да се оспори дека секој аеродром од кој се вршат меѓународни летови е предмет на зајакнати безбедносни мерки, и дека останува под перманентна контрола на органите на државата и особено на граничната служба на државата. Овој факт и сам по себе ја исклучува, во вообичаени околности, можноста физичко лице присилно да биде однесено директно на писта и качено на авион кој лета кон странска земја без да мора да тоа да биде објаснето на некои службени лица. Затоа, секое такво дејствие наложува дозвола, или барем молкумна согласност од службените лица кои се одговорни за дадениот аеродром и, особено, на оние кои во пракса ги контролираат контролните точки за влез на аеродромска писта.
203. Како и во двата претходни слични случаи кои беа споменати погоре, Владата не изведе било какви докази за да ја собори претпоставката во овој случај. Владата исто така не даде било какво прифатливо објаснување за тоа како жалителот можел да биде качен на авион и да лета од Москва до Куџанд без тоа да му биде објаснето на ниту едно руско службено лице. Понатаму, властите очигледно пропуштија да ги расветлат околностите на инцидентот преку ефикасна истрага на домашно ниво. Тие елементи се доволни за Судот да заклучи дека тужената држава треба да се смета за одговорна според Конвенцијата за присилниот трансфер на жалителот во Таџикистан поради вмешаност на службени лица на државата во таа операција.
204. Заклучокот на Судот е уште повознемирувачки со оглед на тоа дека обжалените постапки на службените лица биле окарактеризирани со очигледна арбитрерност и злоупотреба на положбата, а со цел да се заобиколи законитата одлука на ССМ со која на жалителот му се одобрува привремен азил во Русија (види член 12(4) oд Законот за бегалци) и мерките официјално преземени од Владата за да се спречи екстрадицијата на жалителот во согласност со времените мерки изречени од страна на Судот (види параграф 5 погоре и параграф 209 подолу). Иако применетите процедури за кои станува збор во овој случај се разликуваат во многу аспекти од оние на таканаречените „вонредни предавања“ [“extraordinary renditions”] анализирани во некои понови случаи, заклучоците на Судот убедливо покажуваат дека операцијата во која биле вклучени службени лица во овој случај била исто така спроведена „надвор од нормалниот правен систем“ и, „по своето намерно заобиколување на потребните процедури, таа операција е анатема за владеењето на правото и вредностите кои се заштитени со Конвенцијата“ (види, mutatis mutandis, Babar Ahmad и други против Обединетото Кралство (одлука) бр. 24027/07, 11949/08 и 36742/08, параграфи 113-14, 6 јули 2010 година, и El Masri, цитиран погоре, параграф 239).
(д) Заклучоци
205. Затоа, Судот заклучува дека имало повреда на член 3 од Конвенцијата по секое од прашањата анализирани погоре, имено пропуштањето на органите да го заштитат жалителот од присилен трансфер во Таџикистан, каде тој бил соочен со вистински и непосреден ризик од тортура и злоупотреба; немањето на ефикасна истрага за инцидентот; и вмешаноста, или пасивна или активна, на службени лица во таа операција.
...
IV. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 34 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
208. Жалителот се жалеше дека неговиот присилен трансфер бил спротивен на времената мерка издадена од Судот согласно правило 39 и затоа го повредил неговото право на поединечна жалба. Тој се повика на член 34 од Конвенцијата, кој гласи:
„ Судот прима жалби што му ги доставуваат физички лица, невладини организации или група поединци кои се сметаат за жртва на повреда на правата признаени во Конвенцијата или во нејзините протоколи што ја извршила една од Високите страни договорнички. Високите страни договорнички се обврзуваат на никаков начин да не го спречуваат ефикасното остварување на ова право.“
Правило 39 од Правилата на Судот предвидува:
„1. Судскиот совет или кога е тоа соодветно, неговиот Претседател може, по барање на странка или на било кое засегнато лице, или по службена должност, да им посочи на странките било каква времена мерка за која смета дека треба да биде донесена во интерес на странките или за правилното водење на постапката пред тој совет.
2. Кога тоа се смета за соодветно, може за мерката донесена во конкретен случај итно да биде известен Комитетот на министри.
3. Судскиот совет може да побара информации од странките за било кое прашање кое е поврзано со имплементацијата на било која времена мерка која тој ја има издадено.“
209. Владата изјави дека жалителот можел да ги користи неговите права без било каква пречка, вклучително и правото да поднесе жалба согласно член 34 од Конвенцијата. Таа исто така се повика на нејзиниот допис од 16 декември 2010 година со кој го известува Судот за мерките преземени во согласност со времените мерки издадени од Судот согласно правило 39 за да се спречи екстрадицијата на жалителот во Таџикистан (види параграф 5 погоре). Релевантните дописи биле доставени од канцеларијата на Обвинителот во Москва и Сојузната служба за извршување на санкции и со нив било побарано тие да прекинат секакви дејствија за протерување или екстрадиција или на присилно отстранување на жалителот во Таџикистан на друг начин. Како последица на тоа, жалителот не бил предаден на Таџикистан преку постапка за екстрадиција.
210. Жалителот истакна дека одговорноста на тужената држава поради инволвираност на службени лица во неговото отстранување од руска територија – и покрај времените мерки издадени од Судот – нужно подразбирала повреда на неговото право на индивидуална жалба.
211. Судот повторува дека, по основ на член 34 од Конвенцијата, државите договорнички се обврзуваат да се воздржат од секое дејствие или пропуштање кое може да го попречи ефикасното остварување на правото на индивидуална жалба, за кое конзистетно се повторува дека е камен темелник на системот на Конвенцијата. Според воспоставената судска пракса на Судот, пропуштањето на една тужена држава да постапи во согласност со времена мерка подразбира повреда на тоа право (види Mamatkulov и Askarov, цитиран погоре, параграфи 102 и 125, и Abdulkhakov, цитиран погоре, параграф 222).
212. Судот не може доволно да ја нагласи посебната важност која им се дава на времените мерки во системот на Конвенцијата. Нивната намена не е само да се спроведе ефикасно разгледување на жалбата, туку исто така да се осигура дека заштитата која му е обезбедена на жалителот со Конвенцијата е ефективна; таквите мерки покасно му овозможуваат на Комитетот на министри да врши надзор над извршувањето на правосилна пресуда. Таквите мерки ѝ овозможуваат на засегната држава да ја исполни својата обврска за почитување на правосилна пресуда на Судот, којашто е правно обврзувачка по основ на член 46 од Конвенцијата (види Mamatkulov и Askarov, цитиран погоре, параграф 125; Shamayev и други против Грузија и Русија, цитиран погоре, параграф 473; Aoulmi против Франција, бр. 50278/99, параграф 108, ECHR 2006‑I (извадоци); и Ben Khemais против Италија,бр. 246/07, параграф 82, 24 февруари 2009 година).
213. Клучната важност на времените мерки е дополнително нагласена со фактот дека Судот ги издава, во принцип, во вистински исклучителни случаи врз основа на ригорозно испитување на сите релевантни околности. Во повеќето од тие случаи, жалителите се соочуваат со вистинска закана за животот и здравјето, со поврзаниот вистински ризик од сериозна, неповратна штета која е во спротивност на клучните одредби на Конвенцијата. Оваа витална улога која ја имаат времените мерки во системот на Конвенцијата не само што го зајакнува нивното обврзувачко правно дејство за засегнатата држава, како што е потврдено и со воспоставената судска пракса, туку исто така наложува да му се придаде најголема можна важност на прашањето на почитување од страна на државите договорнички на мерките издадени од Судот во тој поглед (види, помеѓу другото, цврстата позиција по ова прашање изречно искажана од државите потписнички на Декларацијата од Измир цитирана во параграф Error! Reference source not found. погоре и од страна на Комитетот на министри во неговата Привремена резолуција CM/ResDH(2010)83 во случајот Ben Khemais[1] ... Секаква небрежност по ова прашање неприфатливо би ја ослабнала заштитата на клучните права од Конвенцијата и не би била компатибилна со вредностите и духот на Конвенцијата (види Soering, цитиран погоре, стр. 34‑35, параграф 88); тоа исто така не би било конзистентно со фундаменталната важност на правото на индивидуална жалба и, погенерално, би го поткопало авторитетот и ефикасноста на Конвенцијата како уставен инструмент на европскиот јавен поредок (види Mamatkulov и Askarov, цитиран погоре, параграфи 100 и 125, и, mutatis mutandis, Loizidou против Турција (претходни приговори), 23 март 1995 година, параграф 75, Серија A бр. 310).
214. Разгледувајќи го овој случај во светло на горните принципи, Судот воочува дека во него има такви исклучителни околности кои наложувале издавање на времени мерки на тужената Влада. На 7 декември 2010 година Судот побара, во интерес на странките и на правилното водење на постапката пред Судот, жалителот да не биде екстрадиран во Таџикистан сѐ додека тој не издаде поинакви инструкции. На 16 декември 2010 година Владата го извести Судот дека надлежните органи презеле релевантни мерки за да гарантираат дека жалителот нема да биде екстрадиран во Таџикистан сѐ додека не добијат поинакви инструкции од Судот (види параграфи 5 и 209 погоре). И покрај преземените мерки, во ноември 2011 година жалителот бил присилно пренесен со авион од Москва до Куџанд преку специјална операција во која беше утврдено дека биле инволвирани службени лица на државата (види параграфи 202-203 погоре).
215. Владата не прифати дека тие околности покажувале прекршување на времената мерка, истакнувајќи дека трансферот на жалителот во Таџикистан не случил во постапка за есктрадиција, која била прекината веднаш после одлуката на Судот од 7 декември 2010 година. Судот не е убеден во аргументот на Владата. Иако мерките преземени за прекинување на екстрадицијата може да бидат индикација дека Владата на почетокот била подготвена да ги почитува времените мерки, тие не можат, според Судот, во случајот на жалителот да ја ослободат државата од нејзината одговорност за настаните кои следувале после тоа. Исто така, Владата не може легитимно да тврди, како што сугерира во нејзиниот, дека присилниот трансфер на жалителот во Таџикистан не бил спречен со времените мерки кои биле издадени од Судот во овој случај.
216. Судот потврдува дека времената мерка во овој случај, како што била побарана од жалителот и формулирана во одлуката на Судот од 7 декември 2010 година, имала за цел да ја спречи неговата есктрадиција, која било најнепосредниот правен начин на кој жалителот само што требало да биде отстранет од Русија во Таџикистан во релевантниот период. Иако формулацијата на времената мерка е еден од елементите кои треба да се земат предвид при анализата на Судот на тоа дали државата ги исполнила своите обврски од член 34, Судот мора да го земе предвид не само словото, туку исто така и духот на издадената времена мерка (види Paladi против Молдова [ГСC], бр. 39806/05, параграф 91, 10 март 2009 година) и, всушност, самата нејзина намена. Единствената намена на времената мерка, како што била издадена од Судот во овој случај – и Владата не тврдеше дека не ја знае таа намена – беше да се спречи изложување на жалителот на вистински ризик од злоупотреба од страна на органите на Таџикистан. Не можело да остане било какво сомневање ниту за намената ниту за образложението на таа времена мерка откако случајот беше комунициран до Владата и му беше даден приоритет од страна на Судот, на 30 јануари 2011 година. Дека Владата го разбрала духот и намената на времената мерка е исто така покажано со инструкциите кои таа ги испратила до различни домашни органи да прекинат со „секое дејствие за протерување, екстрадиција или поинакво присилно отстранување на жалителот во Таџикистан“ (види параграф 209 погоре). Фактот што надлежните органи строго ја почитувале времената мерка речиси единаесет месеци сѐ до неочекуваните настани од 31 октомври 2011 година исто така покажува дека немало сомнение во однос на нејзината намена и правни последици.
217. Со оглед на виталната улога која ја имаат времените мерки во системот на Конвенцијата, тие мора да бидат стриктно исполнувани од страна на засегнатата држава. Судот затоа не може да замисли да им се овозможи на надлежните органи да заобиколат времена мерка како таа која беше издадена во овој случај преку користење на друга домашна процедура за отстранување на жалителот во земјата која бара екстрадиција или, дури и уште позагрижувачки, со дозволување тој арбитрерно да биде отстранет во таа земја на очигледно незаконит начин. Сепак, таквиот арбитререн начин на отстранување е токму она за што Судот утврди дека е одговорна тужената држава во овој случај (види параграфи 202-203 погоре). Правејќи го тоа, државата не ја исполни намената на времената мерка, која наложуваше статус кво додека трае одлучувањето на Судот по жалбата. Како последица на тоа, жалителот беше изложен на вистински ризик од злоупотреба во Таџикистан и Судот беше спречен да му осигура практична и ефективна полза од неговото право од член 3 од Конвенцијата.
218. Владата не покажа дека имало било каква објективна пречка која го спречила исполнувањето на времената мерка (види Paladi, цитиран погоре, параграф 92). Уште позагрижувачки, таа не понуди било какво објаснување за арбитрерното однесување на службените лица кои дозволиле жалителот присилно да биде ставен на лет од Москва до Куџунд; а уште помалку да ги изнесе одговорните пред суд (види, спротивно на тоа, Muminov против Русија, бр. 42502/06, параграф 44, 11 декември 2008 година). Државните органи неприфатливо биле упорни во одбивањето да го истражат случајот дури и откако Судот ги постави релевантните прашања, посебно обрнувајќи ѝ внимание на Владата на загрижувачката ситуација без преседан создадена со повторување на такви неприфатливи инциденти (види параграф 52 погоре).
219. Затоа, Судот заклучува дека Русија на ја почитувала времената мерка издадена од Судот во овој случај согласно правило 39 од Правилата на Судот, спротивно на нејзината обврска согласно член 34 од Конвенцијата.
...
VII. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
233. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
A. Штета
234. Жалителот побара 30,000 евра (EUR) за нематеријална штета. Тој го оправда високиот износ на неговото барање со злоупотребата која ја претрпел во Таџикистан после неговиот присилен трансфер во таа земја и со повикување на надоместот кој Судот го доделил во слични околности во случајот Iskandarov (цитиран погоре, параграф 156).
235. Владата истакна дека било каква нематеријална штета би била надоместена со утврдувањето на повреда од страна на Судот.
236. Судот повторува дека член 41 го овластува на оштетената страна да ѝ додели такво правично задоволување какво што смета дека е соодветно. Судот забележува дека тој утврди неколку повреди на Конвенцијата во овој случај, повеќето од кои треба да се сметаат за екстремно сериозни. Како последица на тоа, жалителот несомнено претрпел нематеријална штета којашто не може да биде компензирана само со утврдување на повреда. Правејќи ја својата оцена на правична основа, Судот во целост го усвојува барањето на жалителот и му доделува 30,000 евра за нематеријална штета, плус секој данок кој може да биде пресметан за тој износ.
...
VIII. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 46 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
242. Член 46 од Конвенцијата предвидува:
„1. Високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечните пресуди на Судот во споровите во кои се странки.
2. Конечната пресуда на Судот му се доставува на Комитетот на министрите којшто врши надзор над нејзиното извршување.
...”
243. Судот воочува дека во овој случај беа утврдени неколку повреди на едно од клучните права заштитени со Конвенцијата – забраната на тортура и злоупотреба – кои не биле спречени ниту преку домашните правни лекови ниту преку времените мерки издадени од Судот. Судот понатаму забележува дека слични повреди од страна на тужената држава беа утврдени во блиското минато и дека алармантни жалби за исчезнување и присилен трансфер на жалители во Таџикистан и Узбекистан и понатаму редовно се поднесуваат пред Судот, и покрај издавањето на времени мерки и гаранции на Владата дека тие мерки ќе бидат почитувани.
244. Судот е потполно свесен за тешкотиите кои може да настанат во процесот на извршување на конкретните пресуди, и не само затоа што жалителите се под јурисдикција на држава која не е обврзана со Конвенцијата. Затоа може да дојде до проблематични прашања во однос на различни аспекти од извршувањето, како што е плаќањето на надоместите за правично задоволување и усвојувањето на други мерки за обештетување во однос на жалителот. Исто така Судот не ја потценува важноста на генералните мерки за спречување на понатамошни слични повреди и на можните прашања во однос на идентификувањето и усвојувањето на таквите мерки.
245. Судот во овој контекст исто така посочува дека во текот на последните десет години тој постојано ги охрабрува државите договорнички да ја искористат можноста да дадат индикации со кои ѝ се помага на засегната држава да ги идентификува примарните проблеми и неопходните мерки за имплементација на дадена пресуда (види ја особено резолуцијата на Комитетот на министри Res(2004)3 oд 12 мај 2004 година и декларациите усвоени од високите договорни страни на конференциите во Интерлакен, Измир и Брајтон). Судот така ја развива својата судска пракса во таа насока преку постапката за пилот-пресуди [pilot-judgment procedure] и во други облици, на тој начин помагајќи им на државите договорнички и на Комитетот на министри заради правилна и ефективна примена на член 46 од Конвенцијата. Според Судот, потребата за неговиот придонес во оваа област останува актуелна во определени видови на случаи.
246. Со оглед на горните согледувања и имајќи ги предвид, особено, природата на утврдените повреди во оваа пресуда, повторувањето на слични повреди во други неодамнешни случаи и прашањата до кои може да дојде при извршувањето на пресудата, Судот смета дека е соодветно да го разгледа овој случај по член 46 од Конвенцијата.
A. Општи принципи
247. Судот повторува дека член 46 од Конвенцијата, како што е толкуван од аспект на член 1, ѝ наметнува на тужената држава правна обврска да имплементира, под надзор на Комитетот на министри, соодветни генерални и/или индивидуални мерки за да го осигура правото на жалителот за кое Судот утврдил дека било повредено. Таквите мерки мора исто така да биде донесени и во однос на други лица кои се во позиција како жалителот, особено преку решавање на проблемите кои довеле до заклучоците на Судот. Оваа обврска постојано е нагласувана од Комитетот на министри при вршењето на надзор над извршувањето на пресуди на Судот (види Burdov против Русија (бр. 2), бр. 33509/04, параграф 125, ECHR 2009, со дополнителни референци).
248. Што се однесува на индивидуалните мерки кои треба да се донесат во одговор на оваа пресуда, нивната примарна цел е да се постигне restitutio in integrum, што значи, да се стави крај на повредата на Конвенцијата и да се поправат нејзините последици на таков начин да колку што е тоа можно се врати ситуацијата која постоела пред повредата (види Piersack против Белгија (член 50), 26 октомври 1984 година, параграф 11, Серија A бр. 85, и Papamichalopoulos и други против Грција (член 50), 31 октомври 1995 година, параграф 34, Серија A бр. 330‑Б). Оваа обврска ги одразува принципите на меѓународното право според кои државата која е одговорна за повреда на право има обврска да даде обештетување, кое се состои во враќање на ситуацијата која постоела пред тој акт да биде извршен, под услов тоа да не е „материјално невозможно“ и „да не создава товар кој што е далкеу поголем од придобивките добиени со реституција наместо со компензација“ (член 35 од Членовите на Комисијата за меѓународно право за одговорност на државите за повреди на меѓународното право [Articles of the International Law Commission on Responsibility of States for Internationally Wrongful Acts]). Со други зборови, иако реституцијата се применува по правило, може да има околности во кои државата е ослободена – целосно или делумно – од оваа обврска под услов таа да може да покаже дека има такви околности (види Verein gegen Tierfabriken Schweiz (VgT) против Швајцарија (бр. 2) [ГСС],
бр. 32772/02, параграф 86, ECHR 2009). Државите треба да ги организираат нивните правни системи и судски процедури на таков начин да тој резултат може да биде постигнат (види ibid., параграфи препорака (2000)2 на Комитетот на министри).
249. Задача на Комитетот на министри, кој постапува по член 46 од Конвенцијата, е да оцени, со оглед на горните принципи на меѓународното право и информациите кои се доставени од тужената држава, дали таа во добра вера ја исполнила својата обврска да ја врати колку е можно повеќе ситуацијата која постоела пред повредата. Иако тужената држава во принцип е слободна да ги избере средствата со кои ќе ја исполни својата обврска, на Комитетот на министри е исто така да оцени дали избраните средства се компатибилни со заклучоците наведени во пресудата на Судот (види Scozzari и Giunta, цитиран погоре, параграф 249, и Verein gegen Tierfabriken Schweiz (VgT), цитиран погоре, параграфи 241-42). Истото важи и за оцената на исполнувањето од страна на тужената држава на нејзината обврска да донесени генерални мерки за да го реши проблемот кој довел од повредата утврдена со пресудата на Судот.
Б. Мерки за исполнување на оваа пресуда
1. Исплата на правично задоволување
250. Со оглед на тоа дека лишувањето од слобода на жалителот во Таџикистан сѐуште трае, Судот е загрижен, на почетокот, за тоа како тужената држава ќе ја исполни својата обврска за исплата на правично задоволување. Судот веќе се има соочено со слични ситуации во кои не можело да се воспостави контакт со жалителите после нивното отстранување од тужената држава. Во некои од тие случаи Судот посочувал дека тужената држава треба да обезбеди исплата на правично задоволување преку овозможување на контакти помеѓу жалителите, нивните застапници и Комитетот на министри (види Muminov против Русија (правично задоволување), бр. 42502/06, цитиран погоре, параграф 19 and точка (в) oд оперативниот дел, 4 ноември 2010 година, и Kamaliyevy против Русија (правично задоволување), бр. 52812/07, параграф 14 и точка 1(в) oд оперативниот дел, 28 јуни 2011 година). Во други случаи Судот има наредено надоместите да бидат чувани од застапниците на жалителите (види Hirsi Jamaa и други против Италија [ГСC], бр. 27765/09, параграф 215, и точка 12 oд оперативниот дел, ECHR 2012, и Labsi против Словачка, бр. 33809/08, параграф 155 и точка 6 oд оперативниот дел, 15 мај 2012 година).
251. Свртувајќи се на овој случај, Судот забележува дека после трансферот на жалителот во Таџикистан, имало определени, иако индиректни контакти помеѓу него и неговите застапници пред Судот. Со оглед на тој факт и со оглед на исклучително ранливата ситуација на жалителот во Таџикистан, Судот смета дека е соодветно износот кој му е доделен како правично задоволување да биде чуван од неговите застапници.
2. Други мерки за обештетување на жалителот
252. Судот сепак смета дека обврската да се исполни оваа пресуда не може да биде сведена само на исплата на паричен надомест доделен по член 41, кој е предвиден само да се даде репарација за тие последици од повредата кои не можат да бидат на поинаков начин отстранети (види Scozzari и Giunta, цитиран погоре, параграф 250). Обврската да се преземат дополнителни индивидуални мерки покрај исплатата на правично задоволување веќе е потврдена од органите на Конвенцијата во слични случаи во кои правата на жалителите биле повредени со нивно отстранување од областа која е заштитена со Конвенцијата (види, на пример, Hirsi Jamaa и други, цитиран погоре, параграф211; Al-Saadoon и Mufdhi против Обединетото Кралство, бр. 61498/08, параграф171, ECHR 2010 (извадоци); и резолуцијата на Комитетот на министри CM/ResDH(2012)68 во вториот случај и неговите одлуки цитирани во параграфите 121-124 погоре).
253. Фактот што жалителот останува надвор од јурисдикцијата на тужената државата, може да се каже дека ѝ отежнува на таа држава да дојде во контакт со него и да преземи мерки за обештетување во негова полза. Сепак, тоа не се околности кои сами по себе ја ослободуваат тужената држава од нејзината правна обврска да ги преземе сите мерки во нејзина надлежност за да стави крај на утврдената повреда и да ги отстрани последиците на таа повреда. Иако конкретните неопходни мерки може да се разликуваат во зависност од спецификите на секој случај, обврската да се почитува пресудата ѝ наложува на тужената држава, под надзор на Комитетот на министри, да изнајде и да употреби во добра вера такви правни, дипломатски и/или практични средства какви што може да се потребни за да се осигура во најголем можен обем правото на жалителот кое Судот утврдил дека било повредено.
254. Според Судот, заклучоците на оваа пресуда наложуваат да се преземат такви мерки. Моменталната состојба на развој на меѓународното право и меѓународните односи не го прават невозможно преземањето од страна на тужената држава на конкретни мерки за обештетување со цел да се заштити жалителот од постоечките ризици за неговиот живот и здравје во странска јурисдикција (види, како пример, Al-Saadoon и Mufdhi, цитиран погоре, параграф 171, и резолуцијата на Комитетот на министри CM/ResDH(2012)68 oд 8 март 2012 година; Othman (Abu Qatada), цитиран погоре, параграфи 23-24 и 194-205; види ги исто така мерките преземени од Русија за да го обезбеди враќањето ан жалителот од Туркменистан во случајот Garabayev против Русија, бр. 38411/02, параграф 34-35, 7 јуни 2007 година). Потребата од такви мерки е уште поголема во овој случај, со оглед на тоа дека на жалителот му бил одобрен привремен азил од самите руски органи. Затоа, останува дотолку повеќе на тужената држава да ги преземе тие индивидуални мерки кои се во целост во нејзина јурисдикција, како што се спроведувањето на ефикасна истрага за инцидентот за кој станува збор со цел да се исправат процедуралните повреди кои ги утврди Судот (види, како пример, постапката поведена против службени лица заради непочитување на времени мерки издадени од Судот во Muminov против Русија, цитиран погоре, параграф 44).
255. Судот затоа е уверен дека е на Руската Федрација да ги искористи неопходните алатки и процедури за да преземе такви мери во однос на жалителот. Со оглед на разновидните мерки кои се на располагање за остварување на оваа цел и карактерот на прашањата за кои станува збор, Комитетот на министри може подобро отколку Судот да ги оцени конкретните мерки кои треба да се преземат. Затоа треба да се препушти на Комитетот на министри врз основа на информациите дадени од тужената држава и со должно земање предвид на развојот на ситуацијата на жалителот, да врши надзор над усвојувањето на такви мерки кои се изводливи, навремени, адекватни и доволни за да осигураат максимална можна репарација на повредите кои ги утврди Судот.
3. Генерални мерки за спречување на слични повреди
256. Разгледувајќи го случајот по член 46 од Конвенцијата, Судот смета дека е од особена важност да ја нагласи потребата од генерални мерки за спречување на нови повреди кои се слични на оние кои ги утврди во овој случај. Во врска со тоа Судот со голема загриженост воочува дека настаните кои се разгледуваат во овој случај не може да се сметаат за изолиран инцидент. Судот повторува дека од неговата пресуда во случајот Iskandarov (цитиран погоре), во која утврди дека Руската Федерација е одговорна за повреда на член 3 поради необјаснетото киднапирање на жалителот и трансфер во Таџикистан од страна на неидентификувани лица, е соочен со повторни инциденти од тој вид. Судот веќе најде повреда и на член 3 и на член 34 во случајот Abdulkhakov, во кој жалителот бил киднапиран во Москва и принуден да се качи во авион за Таџикистан во идентични околности (види Abdulkhakov, цитиран погоре, параграфи, §§ 124-27). Неодамна, иако во други околности, Судот ги утврди истите повреди поради депортацијата на жалителот од Санкт Петербург во Узбекистан (види Zokhidov против Русија, бр. 67286/10, параграфи 128-42 201-11, 5 февруари 2013, пресудата сѐуште не е правосилна). Судот има повеќе жалби од овој вид на својата листа на предмети и, дури и уште позагрижувачки, некои од нив му се доставени поради слични инцидитенти кои се случиле после предупредувачката порака испратена од Претседателот на Судот до руската Влада (види параграф 52 погоре), па дури и после поновите одлуки донесени од Комитетот на министри по тоа прашање (види параграфи 121-124 погоре).
257. Заклучоците во оваа пресуда го поддржуваат ставот дека повторни киднапирања на поединци и поврзаниот траснфер во земјите кои бараат нивна екстрадиција преку намерно заобиколување на потребните процедури – очигледно спротивни на времените мерки издадени од Судот – претставуваат флагрантно непочитување на владеењето на правото и сугерираат дека некои државни органи имаат развиено пракса која е спротивна на нивните обврски од руското право и Конвенцијата. Таквата ситуација има најсериозни последици за рускиот домашен правен поредок, ефикасноста на системот на Конвенцијата и авторитетот на Судот.
258. Може да се забележи од одлуките на Комитетот на министри дека ситуацијата била исто така „причина за голема загриженост“ на Владата и дека таа преземала мерки за инцидентите. Релевантните одлуки на Комитетот на министри, на пример, биле доставени до канцеларијата на Главниот обвинител, Комитетот за истраги, Сојузната служба за миграција и Сојузната служба на извршители. Владата исто така изјави дека таа била „посветена на презентирање на резултатите од преземените мерки“ во врска со инцидентите во Русија и пред Комитетот на министри и пред Судот во контекст на релевантните предмети (види параграфи 122-123 погоре). Горните заклучоци на Судот сепак повеќе од доволно покажуваат дека не се преземени задоволителни мерки во одговор на одлуките на Комитетот на министри во овој случај и, поопшто, дека одлучувачките генерални мерки не се сѐуште преземени од засегнатите државни органи. Во нив треба да спаѓаат понатамошно подобрување на домашните правни лекови во случаи на екстрадиција и протерување, осигурување на законитоста на секое државно дејствие во таа област, ефикасна заштита на потенцијалните жртви во согласност со времените мерки издадени од Судот и ефикасна истрага за секое прекршување на таквите мерки или слични незаконити акти.
259. Судот ја потврдува неодамнешната важна промена во домашната судска пракса воведена од Врховниот суд на Руската Федерација во неговата одлука бр. 11 од 14 јуни 2012 (види параграф Error! Reference source not found. погоре). Оваа промена е во согласност со судската пракса на Судот и совршено ја поддржува идејата за подобрување на домашните правни лекови во случаи на екстрадиција и протерување, која органите на Конвенцијата долго време ја промовираат во однос на сите држави договорнички (види, помеѓу најновите пресуди, ставот на Големиот судски совет во De Souza Ribeiro против Франција, цитиран погоре, параграф 82; види ја исто така Препораката на Комитетот на министри Rec(2004)6 за подобрување на домашните правни лекови и препораката R(98)13 за правото на барателите на азил чие барање било одбиено на ефикасен правен лек). Судот верува дека внимателната примена на одлуката на Врховниот суд од страна на сите руски судови ќе му овозможи на судството да избегне такви пропусти како оние кои се критикувани во оваа пресуда (види параграфи 161-165) и понатаму да ја развие новата судска пракса со која директно се применуваат обврските од Конвенцијата преку судска пракса (види, помеѓу најновите примери, одлуките на домашните судови анализирани во Kulevskiy против Русија (одлука), бр. 20696/12, параграфи 18 и 36, 20 ноември 2012 година). Судот воочува дека чекорите направени од страна на судовите од општа надлежност ја отсликуваат важната судска пракса развиена од Уставниот суд на Русија во предмети за екстрадиција и позитивните мерки преземени на други нивоа, како што е одразено во одлуките на Комитетот на министри (види параграфи 123-124 погоре). Со оглед на кажаното, уште позагрижувачки за Судот е да се соочува со ситуации во кои домашните правни механизми се толку очигледно избегнати како последица на незаконитиот трансфер на жалители во држави кои сакаат кривично да ги гонат тие лица. Повторувањето на таквата беззаконитост може да ја уништи ефикасноста на домашните правни лекови на кои системот на Конвенцијата се потпира во целост (спореди со Al-Saadoon и Mufdhi, цитиран погоре, параграф 166). Според Судот, обврските на државата од оваа пресуда наложуваат решавање на овој проблем кој се повторува без одложување.
260. Тоа што немало ефикасна домашна истрага за такви неприфатливи инциденти создава дополнителна сериозна загриженост, како што е демонстрирано со оваа пресуда. Обврската од Конвенцијата за ефикасна и брза истрага за секој инцидент од овој вид произлегува директно од богатата судска пракса на Судот и е поткрепена со конзистентата позиција на Комитетот на министри и Парламентарното собрание, кои инсистираа, особено, извршителите на таквите инциденти да биде повикани на одговорност за да се испрати јасна порака дека таквите постапки нема да бидат толерирани (види ја резолуцијата на [Парламентарното] собрание 1571 (2007), и резолуцијата на Комитетот на министри CM/Res(2010)25, цитирани погоре). Судот забележува дека таква порака не била испратена ниту во овој случај ниту во други слични случаи до кои дојде во последните осумнаесет месеци.
261. Горните согледувања го наведуваат Судот да заклучи дека обврската која произлегува од член 46 наложува да биде преземена итна и обемна акција од страна на тужената држава, вклучувајќи ги сите мерки кои може да се потребни за решавање на проблемите кои беа откриени со оваа пресуда. Покрај гореспоменатата потреба за дополнително подобрување на домашните правни лекови и да се спречи нивното незаконито заобиколување во предмети на есктрадиција, усвојувањето на генерални мерки во одговор на оваа пресуда треба да се однесува на две други важни причини за загриженост и да оствари две соодветни цели.
262. Прво, со оглед на нивната особено ранлива ситуација, на жалителите во однос на кои Судот има издадени времени мерки мора да им биде дадена ефикасна заштита од државата не само со закон, туку исто така и во пракса. Со оглед на тоа дека генералната заштита која е обезбедена со обичната правна рамка редовно не функционира во случаи како овој, треба да се воспостави соодветен механизам, задолжен и со превентивни и со заштитни функции, за да се осигура дека жалителите имаат полза од непосредна и ефикасна заштита од незаконито киднапирање и незаконито отстранување од домашната територија и јурисдикцијата на руските судови. Потребата за таков механизам е особено неодложна во однос на жалители кои се барани од држави до кои веќе биле преземени незаконити присилни трансфери или депортации. Со оглед на исклучителната намена на времените мерки и веројатноста дека ќе биде предизвикана сериозна неотстранлива штета со нивно прекршување, секој специјален механизам којшто ќе биде така воведен треба да биде предмет на внимателна контрола од страна на надлежен службеник за спроведување на правото од соодветен степен кој може брзо да интервенира за да спречи било какво ненадејно прекршување на времените мерки до кое може да дојде намерно или случајно. На жалителите и на нивните правни застапници треба да им биде дозволен лесен пристап до засегнатите службени лица со цел да ги информираат за било каков итен случај и да побараат итна заштита.
263. Второ, со оглед на виталната улога на времените мерки во системот на Конвенцијата и, соодветно, огромната важноста која се придава на нивно почитување од страна на државите договорнички (види параграф 211-213 погоре), државата треба да ги искористи соодветните процедури и институционални мерки за да осигура ефикасна истрага во секој случај на прекршување на такви мерки, особено што постоечките процедури не ги постигнуваат потребните резултати. Исто така е потребна внимателна контрола на таквите истраги на соодветно службено ниво со цел да се осигура дека тие се спроведуваат со потребната грижа и со потребниот стандард на квалитет.
264. Додека Судот ги нагласува областите споменати погоре кои се предмет на посебна загриженост, Судот не исклучува други начини на усвојување на генерални мерки, некои од кои веќе се содржани во текстови на Советот на Европа (види параграфи Error! Reference source not found.-Error! Reference source not found. погоре). Сепак, темелната оцена на сите такви прашања е надвор од судската фунцкија на Судот со оглед на бројните правни, административни, практични и безбедносни прашања кои се инволвирани. Судот затоа во оваа фаза ќе се воздржи од формулирање на конкретни наредби, земајќи предвид дека насоките дадени погоре ќе помогнат да се осигура правилното извршување на оваа пресуда под надзор на Комитетот на министри (види, mutatis mutandis, Burdov (бр. 2), цитиран погоре, параграф 137, и Ananyev и други против Русија, бр. 42525/07 и 60800/08, параграф 194, 10 јануари 2012 година). Останува на руските надлежни органи е да му предложат на Комитетот на министри конкретни мерки за да се обезбедат правата од Конвенцијата за кои станува збор, а на Комитетот на министри да ја оцени ефикасноста на предложените мерки и да ја следи потоа нивната имплементација во согласност со обврските од Конвенцијата, нагласени со оваа пресуда.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ги прогласува жалбените наводи во врска со ризикот од злоупотреба на жалителот во Таџикистан, немањето на ефикасен правен лек во тој поглед и одолговлекувањата во судската оцена на неговиот притвор за допуштени, а останатиот дел од жалбата за недопуштен;
2. Одлучува дека имало повреда на член 3 од Конвенцијата поради пропуштањето на надлежните органи да го заштитат жалителот од вистински и непосреден ризик од тортура и злоупотреба со спречување на неговиот присилен трансфер од Москва во Таџикистан, немањето на ефикасна истрага за инцидентот, и вмешаноста на службени лица на државата во таа операција;
3. Одлучува дека имало повреда на член 34 од Конвенцијата поради непочитувањето од страна на тужената држава на времените мерки издадени од страна на Судот;
...
6. Одлучува
(a) дека тужената држава треба да му ги плати на жалителот, во рок од три месеци од датумот на кој оваа пресуда ќе стане правосилна во согласност со член 44, став 2 од Конвенцијата, следните износи:
(i) ЕУР 30,000 (триесет илјади евра), плус секој данок кој може да биде пресметан на тој износ, за нематеријална штета, кој износ треба да биде чуван за жалителот од страна на неговите застапници пред Судот;
...
Изработена на англиски јазик и доставена во писмена форма на 25 април 2013 година, врз основа на правило 77, став 2 и став 3 од Правилата на Судот.
Søren NielsenIsabelle Berro Lefèvre
СекретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
[1] Уредничка забелешка: Ben Khemais против Италија (бр. 246/07, 24 февруари 2009 година)
Full & Egal Universal Law Academy