© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012
Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации види ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПРВ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ SCHALK И KOPF против AВСТРИЈА
(Жалба бр. 30141/04)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
24 јуни 2010
КОНЕЧНА
22/11/2010
Оваа пресуда стана кончена според член 44 § 2 oд Конвенцијата. Пресудата може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Schalk и Kopf против Австрија,
Европскиот суд за човекови права (Прв оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Christos Rozakis, Претседател,
Anatoly Kovler,
Elisabeth Steiner,
Dean Spielmann,
Sverre Erik Jebens,
Giorgio Malinverni,
George Nicolaou, судии,
и André Wampach, Заменик секретар на оддел,
Откако расправаше на затворени седници на 25 февруари 2010 и 3 јуни 2010,
Ја донесува следната пресуда, која што беше усвоена на втората дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 30141/04) против Република Австрија врз основа на член 34 од Конвенцијата за заштита на човекови права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на двајца австриски државјани, г-н Horst Michael Schalk и г-н Johan Franz Kopf („жалителите“), на 5 август 2004.
2. Жалителите ги застапуваше г-н K. Mayer, адвокат од Виена. Австриската Влада („Владата“) ја застаоуваше нејзиниот агент, Амбасадорот H. Tichy, Раководител на одделението за меѓународно право во Сојузното министерство за европски и меѓународни прашања.
3. Жалителите се жалеа, конкретно, дека тие биле дискриминирани затоа што како истополова двојка, ним не им била дадена можност да стапат во брак или нивната врска да биде на поинаков начин призната со закон.
4. На 8 јануари 2007 Претседателот на Првиот оддел одлучи да ја комуницира жалбата до тужената Влада. Исто така, беше одлучено да се разгледа основаноста на жалбата во исто време со нејзината допуштеност (член 29 § 3).
5. И жалителите и Владата поднесоа писмени опсервации за допуштеноста и основаноста на жалбата. Владата исто така достави дополнителни опсервации. Понатаму, беа примени и коментари на трета страна вмешувач од страна на Владата на Обединетото Кралство, на која Претседателот и дозволи да се вмеша во писмениот дел од постапката (член 36 § 2 од Конвенцијата и правило 44 § 2). Заеднички коментар на вмешувач беше добиен од четири невладини организации на кои Претседателот им дозволи да интервенираат, имено FIDH (Fédération Internationale des ligues des Droits de l’Homme), ICJ (International Commission of Jurists) AIRE Центарот (Advice on Individual Rights in Europe) и ILGA-Eвропа (European Region of the International Lesbian and Gay Association). Претседателот им дозволи на четирите невладини организации исто така да интервенираат на расправата.
6. Јавна расправа се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 25 февруари 2010 (правило 54 § 3).
Пред Судот пристапија:
(a) за Владата
г-ѓаB. Ohms, Сојузно канцеларство,Заменик агент,
г-ѓаG. PASCHINGER, Сојузно министерство за европски и меѓународни прашања
г-нM. Stormann, Сојузно министерство за правда,Советници;
(б) за жалителите
г-нK. Mayer, Правен застапник,
г-нH. Schalk, Жалителите;
(в) за невладините организации, вмешувачи
г-нR. Wintemute, Кингс Колеџ, ЛондонПравен застапник,
г-ѓаA. Jernow, International Commission of Jurists,Советник.
Судот слушна обраќања од г-ѓа Ohms, г-н Mayer и г-н Wintemute.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
7. Жалителите се родени во 1962 и 1960, соодветно. Тие се истополова двојка и живеат во Виена.
8. На 10 септември 2002 жалителите побарале од Канцеларијата за работи од личен статус (Standesamt) да ги преземе формалностите за да им овозможи да склучат брак.
9. Со одлука од 20 декември 2002 Општинската канцеларија во Виена го одбила барањето на жалителите. Повикувајќи се на член 44 од Граѓанскиот законик (Allgemeines Bürgerliches Gesetzbuch), канцеларијата одлучила дека брак можел да биде склучен само помеѓу лица од спротивен пол. Според постојаната судска пракса, бракот склучен од две лица од ист пол бил ништовен. Со оглед на тоа што жалителите биле двајца мажи тие немале способност за склучување брак.
10. Жалителите изјавиле жалба до Регионалниот гувернер во Виена
(Landeshauptmann), но, без успех. Во неговата одлука од 11 април 2003, Гувернерот го потврдил правното мислење на Општинската канцеларија. Понатаму, тој се повикал на судската пракса на Управниот суд според која ако конкретните лица бил од ист пол тоа било правна пречка за склучување брак. Понатаму, член 12 од Европската Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи го резервирала правото да се склучи брак само на лица од различен пол.
11. Во уставната жалба жалителите тврделе дека тоа што било законски невозможно тие да склучат брак претставувало повреда на нивното право на почитување на приватниот и семејниот живот и на принципот на недискриминација. Тие тврделе дека поимот брак еволуирал од влегувањето ви сила на Граѓанскиот законик од 1812. Посебно, раѓањето и воспитувањето на децата не било веќе интегрален дел од бракот. Според денешните сфаќања, бракот бил повеќе трајна заедница која ги вклучувала сите аспекти на животот. Немало обејктивно оправдување за исклучување на истополовите двојки од склучување на брак, дотолку повеќе што Европскиот суд за човекови права потврдил дека разликите засновани на сексуална ориентација, за да бидат оправдани наложувале особено убедливи причини. Другите европски земји или дозволувале хомосексуални бракови или на друг начин го измениле своето законодавство за да им дадат едаков статус на истполовите заедници.
12. На крај, жалителите тврдеа дека било повредено нивното право на мирно уживање на нивната сопственост. Тие тврдеа дека во случај едниот од партнерите од хомосексуалната двојка да починел, другиот бил дискриминиран затоа што тој бил во далеку понеповолна положба според даночното право отколку преживеаниот партнер во брачна двојка.
13. На 12 декември 2003 Уставниот суд (Verfassungs‑gerichtshof) ја одбил жалбата на жалителите. Релевантните делови од пресудата гласат:
„Управната постапка која заврши со оспорената одлука исклучиво се однесувала на прашањето за легитимност на бракот. Затоа, единствен релевантен жалбен навод е дека член 44 од Граѓанскиот законик признава и предвидува брак помеѓу „лица од спротивен пол“. Наводот за повреда на правото на сопственост е само уште еден начин во обидот да се докаже дека оваа состојба е неоправдана.
Во однос на бракот, член 12 од ЕКЧП, кој е норма од уставна вредност, предвидува:
‘Мажот и жената кои се на возраст на која може да стапат во брак, имаат право да стапат во брак и да создадат семејство според националните закони со кои се регулира остварувањето на ова право.’
Ниту принципот на еднаквост превиден со австрискиот Сојузен Устав ниту Европската конвенција за човекови права (видно од зборовите „маж и жена“ во член 12) не бараат концептот на брак да биде насочен кон основна можност родителството да биде проширено да врски од друг вид. Суштината на бракот, е дотолку повеќе, не е засегната од фактот дека развод (или разделба) е можен и дека е работа на брачните партнери дали тие всушност можат или сакаат да имаат деца. Европскиот суд за човекови права одлучил во неговата пресуда во случајот Cossey од 27 септември 1990 (бр. 10843/84, кој конкретно се однесува на положбата на трансексуалците) дека ограничувањето на бракот на овој „традиционален“ концепт било објективно оправдано, забележувајќи
‘... дека придржувањето кон традиционалниот концепт на бракот обезбедува доволно причини за и понатамошно усвојување на билолошки критериуми за утврдување на полот на едно лице во смисла на брак.’
[Промената во судската пракса до која дојде после тој случај во однос на конкретното прашање на трансексуалците (EСЧП, Goodwin, no. 28957/95, 11 јули 2002) не дозволува заклучок дека треба да има какво било промена во оценката на општото прашање кое е сега поставено]
Фактот што истополовите врски влегуваат во концептот на приватен живот и како такви ја уживаат заштитата од член 8 од ЕКЧП – која исто така забранување дискриминација по основи кои не се објективни (член 14 од ЕКЧП) – не доведува до обврска да се промени законот за брак.
Не е потребно во овој случај да се испита дали, и во кои области, законот неоправдано ги дискриминира истополовите врски со предвидување на специјални правила за брачни двојки. Ниту пак е задача на овој суд да го советува законодавното тело за уставни прашања или работи од законодавна политика.
Наместо тоа, жалбата мора да биде одбиена како неоснована.“
14. Пресудата на Уставниот суд била доставена на адвокатот на жалителите на 25 февруари 2004.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО И СПОРЕДБЕНО ПРАВО
A. Австриско право
1. Граѓански законик
15. Член 44 од Граѓанскиот законик (Allgemeines Bürgerliches Gesetzbuch) предвидува:
„Брачниот договор ќе биде основа за семејните односи. Со брачниот договор две лица од спротивен пол ја декларираат својата законита намера да живеат заедно во трајна брачна заедница, да раѓаат и воспитуваат деца и взаемно да се подржуваат.“
Оваа одредба не е изменета од нејзиното влегување во сила на 1 јануари 1812.
2. Законот за регистрирани партнерства
16. Целта на Законот за регистрирани партнерства (Eingetragene Partnerschaft-Gesetz) беше да им обезбеди на истополовите двојки формален механизам за признавање и давање правно дејство на нивните врски. При воведувањето на споменатиот закон законодавецот особено ги имал во предвид промените во други европски држави (види го објаснувањето на нацрт-законот - Erläuterungen zur Regierungsvorlage, 485 der Beilagen XXIV GP).
17. Законот за регистрирани партнерства, Сојузен службен весник (Bundesgesetzblatt) том. I, бр. 135/2009, влезе во сила на 1 јануари 2010. Неговиот член 2 предвидува:
„Регистрирано партнерство може да биде основано само од две лица од ист пол (регистрирани парнтери). На тој начин тие се обврзуваат на трајна врска со взаемни права и обврски.“
18. Правилата за склучување регистрирано партнерство, неговите последици и раскинување се слични на правилата за брак.
19. Регистрираното партнерство подразбира заедничко живеење на постојана основа и може да биде склучено од две лица од ист пол кои имаат деловна способност и кој се полнолетни (член 3). Не смее да се склучи регистрирано партнерство помеѓу блиски роднини или со лице кое е веќе во брак или има склучено сеуште валидно регистрирано партнерство со друго лице (член 5).
20. Како и брачните двојки, се очекува и регистрираните партнери да живеат заедно како брачни другари во секој поглед, да делат заеднички дом, да се однесуваат еден кон друг со почит и да се грижат еден за друг (член 8(2) и (3)). Како и во случајот со брачни другари, партнерот кој е одговорен за домаќинството и нема приходи има законско овластување да го застапува другиот партнер во секојдневни правни трансакции (член 10). Регистрираните партнери ги имаат истите обврски како и брачните партнери во однос на издржување (член 12).
21. Причините за прекин на регистрирано партнерство се истите како и причини за прекин на бракот или развод. До прекин на регистрирано партнерство доаѓа во случај на смрт на едниот партнер (член 13). Прекинот исто така може да биде прогласен со судска одлука: немање намера за склучување на регистрирано партнерство (член 14),вина на еден или двајцата партнери, или раскинување на партнерството поради непомирливи разлики (член 15).
22. Законот за регистрирани партнерства исто така содржи спектар на измени на постоечките закони за да им обезбеди на регистрираните партнери ист статус како и брачните партнери во повеќе области од правото, како што се наследниот закон, социјалниот закон и законот за социјално осигурување, даночниот закон, законот за управна постапка, закон за заштита на лични податоци и јавна служба, пасош и прашања во врска со регистрирање, како и законот за странци.
23. Сепак, сеуште има некои разлики помеѓу бракот и регистрираното партнерство, покрај фактот што само лица од ист пол може да склучат регистрирано партнерство. Следните разлики беа предмет на јавна дебата пред усвојувањето на Законот за регистрирани партнерства: додека бракот се склучува пред Канцеларијата за работи од личен статус, регистрираните партнерства се склучуваат пред Регионалниот управен орган. Правилата за избор на име се разликуваат од правилата за брачни двојки: на пример, законот споменува „презиме“ кога регистрираната двојка избира заедничко презиме, но, „семејно презиме“ во однос на заедничкото презиме на брачна двојка. Сепак, најважните разлики се однесуваат на родителски права: за разлика од брачни двојки, на регистрираните партнери не им е дозволено да посвојуваат дете; ниту пак е дозволено посвојување на детето на другиот партнер (член 8(4). Исто така исклучено е можноста за вештачко оплодување (член 2 (1) од Законот за вештачко оплодување - Fortpflanzungsmedizingesetz).
Б. Споредбено право
1. Право на Европската унија
24. Член 9 од Повелбата за фундаментални права на Европската унија, која што беше потпишана на 7 декември 2000 и влезе во сила на 1 декември 2009, гласи:
„Правото на брак и основање на семејство ќе бидат гарантирани во согласност со домашните закони кои го регулираат практикувањето на тие права.“
25. Релевантниот дел од коментарот на Повелбата го наведува следното:
„И покрај современите трендови и промени на домашните закони во повеќе закони он поголена отвореност и прифаќање на истполови двојки, неколку држави сеуште имаат јавна политика и/или прописи кои изречно ја забрануваат идејата дека истополовите двојки имаат право на брак. Во моментот постои ограничено право признавање на истполовите врски во смисла на тоа дека бракот е сеуште недостапен за истополови двојки. Домашните закони на мнозинството на држави подразбира, со други зборови, дека лицата кои имаат намера да склучат брак се од спротивен пол. Во неколку земји, на пр. во Холандија и Белгија, бракот помеѓу луѓе од ист пол е признат со закон. Други, како нордиските земји, имаат подржано закони за регистрирано партнерство, што подразбира помеѓу другото дека повеќето одредби кои се однесуваат на бракот, на пр. правните последици во однос на поделба на имот, наследни права итн, исто така важат и за овие заедници. Во исто време важно е да се нагласи дека името „регистрирано партнерство“ е намерно избрано за да не се меша со бракот и е основано како алтернативна метоа на признавање лични врски. Оваа нова институција затоа, по правило, е достапна на двојки кои не можат да склучат брак, и истополовото партнерство нема ист статус и исти бенефиции како бракот. (...)
Со цел да се земе во предвид разновидноста на домашни правила за брак, член 9 од Повелбата упатува на домашните закони. Како што се гледа од неговата формулација, оваа одредба е поширока во својот опсег од соодветните членови од други меѓународни инструменти. Со оглед на тоа што нема изречно споменување на „маж и жена“ како што е случај со други инструменти за човекови права, може да се тврди дека нема пречка да се признаат истополовите врски во контекст на брак. Сепак, нема изречна обврска дека домашните закони треба да овозможат такви бракови. Меѓународните судови и комитети досега не беа подготвени да ја прошират примената на правото на брак на истополови двојки. (...)“
26. Неколку директиви се исто така од значење за овој случај:
Директивата на Европскиот совет 2003/86/EC oд 22 септември 2003, за правото на семејно обединување, се однесува на условите за користење на правото на семејно обединување од страна на државјани на трети земји кој законски престојуваат на територијата на државите членки.
Нејзиниот член 4, со наслов „членови на семејството“ предвидува:
„(3) Државите членки можат, со закон или пропис, да дозволат влез и престој, врз основа на оваа Директива и под услов да се почитуваат условите предвидени во Глава IV, на партнерот со кој лицето не е во брак, кој е државјанин на трета земја, со кој лицето кое го подржува е во потврдена стабила долга врска, или на државјанин на трета земја кој е врзан со лицето кое го подржува со регистрирано партнерство во согласност со член 5(2),...“
Директивата 2004/38/EC на Европскиот парламент и Европскиот совет од 29 април 2004 се однесува на правото на граѓаните на Унијата и членовите на нивните семејства слободно да се движат и да престојуваат на територијата на државите членки.
Нејзиниот член 2 ја содржи следнаа дефиниција:
„(2) ’Член на семејството’ значи:
(a) брачен другар
(б) партнер до кој граѓанин на Европската унија има склучено регистрирано партнерство, врз основа на закон на држава членка, ако законодавството на државата членка домаќин ги третира регистрираните партнерства како еднакви со брак во согласност со условите предвидени со релевантното законодавство на државата членка домаќин.
(в) дирекнтите потомци кои се на возраст под 21 година или се издржувани лица и децата на брачниот другар или партнерот дефиниран во точка б
(г) директни роднини по нагорна линија кои се издржувани како и тие на брачниот другар или партнерот дефиниран во точка (б).“
2. Состојба на релевантните закони во држави членки на Советот на Европа
27. Во моментот шест од четириесет и седум држави им даваат на истополовите двојки еднаков пристап до брак, имено, Белгија, Холандија, Норвешка, Португалија, Шпанија и Шведска.
28. Покрај тоа има тринаесет држави членки кои не им даваат на истополовите двојки пристап до брак, но, имаат донесено некој вид на законодавство со кое им се дозволува на истополовите двојки да ги регистрираат нивните партнерства. Андора, Австрија, Република Чешка, Данска, Финска, Франција, Германија, Унгарија, Ирска, Луксембург, Словенија, Швајцарија и Обединетото Кралство. Накусо, има деветнаесет држави членки во кои истополовите двојки имаат или можност да се стапат во брак или во регистрирано партнерство (види го прегледот во Burden v. the United Kingdom [GC], no. 13378/05, § 26, ECHR 2008).
29. Во две држави, Ирска и Лихтенштајн реформи со цел да им се даде на истополовите двојки пристап до некаква форма на регистрирано партнерство се во тек или се планирани. Покрај тоа Хрватска има Закон за истополови заедници кој ги признава истополовите двојки кои живеат заедно само за ограничени намени, но, не дава можност за регистрација.
30. Според информациите со кои располага Судот, големото мнозинството од државите за кои станува збор го вовеле релевантното законодавство во последата деценија.
31. Правните последици од регистрирано партнерство се разликуваат и можат да бидат речиси еднакви брак до давање на релативно ограничени права. Правните последици на регистрираните партнерства, можат да се поделат на три главни категории: финансиски последици, последици во однос на родителство и други последици.
32. Финансиските последици го регулираат влијанието на регистрираното партнерство врз различни видови на данок, здравствено осигурување, придонеси за социјално осигурување и пензии. Во повеќето од државите за кои станува збор регистрираните партнери добиваат статус сличен на брак. Тоа исто така се однесува на други финансиски последици, како што се одредби за заеднички имот и долг, примена на правилата за алиментација во случај на крај на врската, право на надомест на штета за смрт на партнерот против лицето кое е виновно за смртта и наследни права.
33. Што се однесува на родителски последици, сепак, можности на регистрираните партнери за вештачко оплодување или згрижување или посвојување на деца, имал големи разлики од една земја до друга.
34. Во други последици спаѓаат употреба на презимето на другиот партнер, влијание врз добивање на дозвола за престој и државјанство на странски партнер, одбивање да се даде исказ како сведок, статус на најблизок роднина за медицински цели, продолжување на статусот на потстанар при смрт на партнерот, и законска донација на органи.
ПРАВО
I. БАРАЊЕ НА ВЛАДАТА ЖАЛБАТА ДА СЕ ИЗБРИШЕ ОД ЛИСТАТА НА ПРЕДМЕТИ НА СУДОТ
35. Во нејзиното усно обраќање Владата тврдеше дека Законот за регистрирани партнерства им овозможувал на истополовите двојки да добијат правен статус прилагоден колку што е можно повеќе на статусот кој со брак го стекнуваат двојките од спротивен пол. Таа тврдеше дека случајот морал да се смета за решен и дека било оправдано жалбата да се избрише од листата на предмети на Судот. Таа се повика ан член 37 § 1 oд Конвенцијата кој, во делот кој е релевантен, гласи:
“1. Во било која фаза од постапката, Судот може да одлучи да избрише определена жалба од листата на предмети [strike an application out of its list of cases], доколку околностите овозможуваат да се заклучи
...
(б) дека случајот бил решен;
...
Сепак, Судот ќе го продолжи разгледувањето на жалбата ако тоа го бара почитувањето на правата на човекот загарантирани со Конвенцијата и нејзините протоколи“
36. За да заклучи дека член 37 § 1 (б) oд Конвенцијата е применлив на овој случај, Судот мора да одговори на две прашања: прво, мора да праша дали околносите на кои жалителите директно се жалат и натаму постоај и, второ, дали жалителите биле обештетени за последиците од можна повреда на Конвенцијата настана поради тие околности (види Shevanova v. Latvia (striking out) [GC], no. 58822/00, § 45, 7 December 2007).
37. Судот забележува дека суштината на жалбата на жалителите е дека, како истополова двојка, тие немаат пристап до брак. Оваа ситуација сеуште постои после влегувањето во сила Законот за регистрирано партнерство. Како што и самата Влада посочи, споменатиот Закон им дозволува на истополовите двојки да добијат само статус кој е сличен или споредлив на брак, но, не им дава пристап до брак, кој сеуште е само за двојки од спротивен пол.
38. Судот смета дека не се исполнети условите за бришење на жалбата од листата на предмети и затоа го одбива барањето на Владата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 12 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
39. Жалителите се жалеа дека одбивањето на властитее да им дозволат да склучат брак го повредувало член 12 од Конвенцијата, кој шредвидува:
„Мажот и жената кои се на возраст на која може да стапат во брак, имаат право да стапат во брак и да создадат семејство според националните закони со кои се регулира остварувањето на ова право.“
Владата го оспори тој аргумент.
A. Допуштеност
40. Судот забележува дека Владата го отвори прашањето дали жалбениот навод на жалителите спаѓал во опсегот на член 12, со оглед на тоа дека тие биле двајца мажи кои барале право на брак. Владата не тврдеше, сепал, дека жалбениот навод е недопуштен затоа што не е прифатлив ratione materiae. Судот се согласува дека прашањето е доволно комплексно и не може да се реши во фазата на допуштеност.
41. Судот смета, со оглед на аргументите на жалителите, дека овој жалбен навод отвора сериозни фактички и правни прашања според Конвенцијата, чие утврдување бара мериторно испитување. Судот затоа заклучува дека жалбениот навод не е очигледно неоснован во смисла на член 35 § 3 oд Конвенцијата. Не беше утврдена ниту една друга причина за тој да биде прогласен за недоупуштен.
Б. Основаност
1. Аргументи на странките
42. Владата се повика на одлуката на Уставниот суд за овој случај, воочувајќи дека тој суд ја зел во предвид судската пракса на Судот и не утврдил повреда на правата на жалителите од Конвенцијата.
43. Во усното излагање пред Судот, Владата тврдеше дека и јасната формулација на член 12 и судската пракса на Судот како што таа гласи во моментот, покажувале дека правото на брак било по својата природа ограничено на двојки на спротивен пол. Таа изјави дека имало важни социјални промени во институцијата брак од усвојувањето на Конвенцијата, но, дека немало европски консензус за да им се даде на истополовите двојки право на брак, ниту пак такво право можело да се изведе од член 9 од Повелбата за фундаментални права на Европската унија. И покрај разликата во формулацијата, тој член во однос на брак на истополови заедници упатува на домашното законодавство.
44. Жалителите тврдеа дека во современото општество граѓанскиот брак бил заедница на две лица која се однесувала на сите аспекти од нивните животи, додека пак раѓањето и воспитувањето на деца повеќе не било одлучувачки елемент. Со оглед на тоа што институцијата брак значително се променила повеќе немало причина да им се одбие на истополовите двојки пристап до брак. Текстот на член 12 не морало нужно да биде сфатен во смисла само маж и жена имале право да склучат брак со личност од спротивниот пол. Понатаму, жалителите сметале дека упатувањето во член 12 „во согласност со домашните закони“ не можело да значи дека државите имале неограничено дискреција во регулирањето на правото на брак.
2. Аргументи на вмешувачите
45. Владата на Обединетото Кралство изјави дека судската пракса на Судот каква што е во моментот сметаал дека член 12 се однесува на „традиционален брак помеѓу лица од спротивен билошки пол“ (види Sheffield and Horsham v. the United Kingdom, 30 July 1998, § 66, Reports of Judgments and Decisions 1998‑V). Според неа немало причини за отстапување од таа позиција.
46. Иако Судот често нагласувал дека Конвенцијата е жив инструмент која мора да биде толкуван во современите услови, Судот го користел тој пристап да ја промени судската пракса сако кога ќе увидел согласност на стандардите помеѓу државите членки. Во Christine Goodwin v. the United Kingdom [GC] (no. 28957/95, ECHR 2002‑VI), на пример, Судот ја преиспитал својата позиција во однос на можност на постоперативни трансексуалци да склучат брак со лице од пол кој е спротивен на полот кој го стекнале со операција, со оглед на фактот дека мнозинството држави договорнички дозволувале такви бракови. Спротивно на тоа не постоело поклопување на стандардите во однос на истополови бракови. Во моментот кога Владата вмешувал го доставила своите писмени опсервации само три држави членки дозволувале истополов брак, а во две други се подготвувале предлози во таа насока. Прашањето за истополов брак се однесувало на чувствителна област на социјална, политичка и религиозна дебата. Во отсуство на консензус, државите имале особено широко поле на слободна оцена.
47. Четирите невладини организации го повикаа Судот да ја искористи оваа прилика да го прошири пристапот до граѓански брак и на истополови двојки. Фактот што двојки од спротивен пол можеле да склучат брак, додека пак истополовите двојки не можеле, претставувал разлика во постапувањето заснована на сексуална ориентација. Повикувајќи се на Karner v. Austria, (no. 40016/98, § 37, ECHR 2003‑IX), тие тврдеа дека таа разлика можела да биде оправдано само со „особено сериозни причини“. Според нив, немало такви причини: исклучувањето на истополови двојки од склучување на брак не служело за да се заштити бракот или семејството во традиционална смисла. Ниту пак ако на истополови двојки им се дадело пристап до брак би се обезвреднил бракот во традиционална смисла. Понатаму, институцијата брак значително се променила и, како што Судот одлучил во Christine Goodwin (цитиран погоре, § 98), тоа што таквите двојки на можеле да раѓаат деца не можело по себе да го одземе правото на брак. Четирите невладини организации изјавија дека разликата помеѓу случајот Christine Goodwin и овој случај била во состојбата на европскиот консензус. Сепак, тие тврдеа дека во отсуство на било какво објективно и рационално оправдување за разликата во постапувањето, на европскиот консензус требало да му се даде значително помала важност при одлучувањето.
48. На крај, четирите невладини организации се повикаа на пресуди на Уставниот суд на Јужна Африка, Апелационите судови во Онтарио и Британска Колумбија во Канада, Врховните судови на Калифорнија, Конектикат, Ајова и Масачусетс во Соединетите Американски Држави, кои одлучиле дека негирањето на пристап до брак на истополови двојки било дискриминирачко.
3. Оцена на Судот
a. Општи принципи
49. Според воспоставената судска пракса на Судот член 12 го гарантира фундаменталното право на маж и жена да склучат брак и да основаат семејство. Користењето на ова право доведува до лични, социјални и правни последици. Тоа е „подложно на домашните закони на државите договорнички“, но, ограничувањата кои се со нив утврдени не смеат да го ограничат или намалат правото на начин или во обем да самата суштина на правото е оштетена (види B. and L. v. the United Kingdom, no. 36536/02, § 34, 13 September 2005, and F. v. Switzerland, 18 December 1987, § 32, Series A no. 128).
50. Судот на почетокот забележува дека тој досега немал прилика да испита дали две лица кои не се од ист пол можат да тврдат дека имаат право на брак. Сепак, некои принципи може да се изведат од судската пракса на Судот која се однесува на трансексуалци.
51. Во повеќе случаи се поставило прашањето дали одбивањето да се дозволи на трансексуалец после опреација да склучи брак со лице од пол спротивен на полот кој бил стекнат со операцијата го повредувало член 12. Во неговата постара судска пракса Судот одлучил дека придржувањето кон традиционалниот концепт на бракот на кој почива член 12 предвидувало доволна причина за понатамошно усвојување на билолошките критериуми за утврдување на полот на едно лице во смисла на брак. Затоа, тоа се сметало за прашање кое е содржано овластувањето на државите договорнички со своите домашни закони да го регулираат правото на брак (види Sheffield and Horsham, cited above, § 67; Cossey v. the United Kingdom, 27 September 1990, § 46, Series A no. 184; види исто така Rees v. the United Kingdom, 17 October 1986, §§ 49-50, Series A no. 106).
52. Во Christine Goodwin (цитиран погоре, §§ 100-104) Судот отстапил од таа судска пракса. Судот сметал дека зборовите употребени во член 12 кој упатувал на правото на брак на маж и жена не морало повеќе да бидат сфатени дека го определуваат полот по чисто билошки критериуми. Во тој контекст, Судот воочил дека имало големи општествени промени во институцијата брак од усвојувањето на Конвенцијата. Понатаму, Судот се повикал на 9 од Повелбата за фундаментални права на Европската унија, кој отстапувал од формулацијата на член 12. На крај, Судот воочил дека имало распространето прифаќање на бракот на трансексуалци во нивниот стекнат пол. Како заклучок, Судот одлучил дека неможноста постоперативните трансексуалци да склучат брак според нивниот стекнат пол го повредувала член 12 од Конвенцијата.
53. Други два случаи се од значење во овој контекстt: (Parry v. the United Kingdom (dec.), no. 42971/05, ECHR 2006‑XV, и R. and F. v. the United Kingdom (dec.), no. 35748/05, 28 November 2006). И во двата случаи жалителите биле брачна двојка, помеѓу жена и трансексуалец кој го сменил полот од машки во женски со операција. Тие се жалеле помеѓу другото дека според член 12 од Конвенцијата тие биле должни да го прекинат нивниот брак ако втората жалителка сакала да добие целосно правно признавање на промената на промената на нејзиниот пол. Судот ја одбил жалбата како очигледно неоснована. Тој воочил дека домашниот закон дозволувал брак само помеѓу лица од спротивен пол, без разлика дали станува збор за пол по раѓање или стекнат врз основа на процедура за признавање пол, додека пак не биле дозволени истополови бракови. Судот потврдил дека повеќе држави договорнички овозможувале брак на партнери од ист пол, но, кажал дека тоа било одраз на нивната визија за улогата на бракот во нивните општества и не произлегувало од толкувањето на фундаменталното право внесено од државите договорнички во Конвенцијата во 1950. Судот заклучил дека било во полето на слободна оцена на државите како да се регулираат последиците од промена на полот врз веќе склучени бракови. Покрај тоа Судот сметал дека ако жалителите избереле да се разведат за да може трансексуалниот партнер да добие целосно признавање на неговиот пал, фактот што жалителите имале можност да склучат граѓанско партнерство придонесувало кон сразмерноста на режимот за признавање на пол на кој тие се жалеле.
Б. Примена во овој случај
54. Судот воочува дека член 12 дава право на брак на „мажи и жени“. Француската верзија на тој член предвидува « l’homme et la femme ont le droit de se marier ». Понатаму, член 12 дава право да се основа семејство.
55. Жалителите тврдеа дека формулацијата нужно не значела дека маж може да склучи брак само со жена и обратно. Судот забележува дека, сфатена самостојно, формулацијата на член 12 може да се толкува дека не исклучува брак помеѓу двајца мажи или две жени. Сепак, спротивно на тоа, сите други материјални членови на Конвенцијата даваат права и слободи „секому“ или наведуваат дека „никој“ не може да биде подложен на определени видови на забрането постапување. Изборот на зборови во член 12 мора затоа да се смета за намерен. Понатаму, мора да се земе во предвид историскиот контекст во која Конвенцијата била усвоена. Во педесеттие години на минатиот век бракот очигледно бил разбран во традиционална смисма како заедница на партнери од различен пол.
56. Што се однесува на врската помеѓу правото на брак и правото на основање семејство, Судот веќе има одлучено дека неможноста било која двојка да зачне или да одлгедува дете не може да се смета сама по себе дека го одзема правото на брак (Christine Goodwin, цитиран погоре, § 98). Сепак, овој наод не доведува до каков било заклучок во однос на прашањето за истополов брак.
57. Во секој случај, жалителите не се повикаа воглавно на текстуалното толкување на член 12. Во суштина тие се повикаа на судската пракса на Судот според која Конвенцијата е жив инструмент кој треба да се толкува во денешните услови (види E.B. v. France [GC], no. 43546/02, § 92, ECHR 2008‑..., и Christine Goodwin, цитиран погоре, §§ 74-75). Според жалителите член 12 во условите на денешнината треба да се сфати дека им дава пристап на истополовите двојки до брак или, со други зборови, дека ги обврзува државите членки да предвидат таков пристап во нивните домашни закони.
58. Судот не е убеден од аргументот на жалителите. Иако, како што воочил во Christine Goodwin, институцијата била предмет на важни социјални промени, Судот воочува дека нема европски консензус во однос на истополов брак. Во моментот не повеќе од шест од вкупно четириесет и седум држави договорнички дозволуваат истополов брак (види параграф 27 погоре).
59. Како што тужената и Владата вмешувач правилно посочија, морало да се направи разлика помеѓу овој случај и Christine Goodwin. Во тој случај (цитиран погоре, § 103) Судот забележал сличност на стандардите во однос на брак на трансексуалци врз основа на нивните стекнат пол. Понатаму, Christine Goodwin се однесува на брак на партнери кои се од различен пол, ако полот не е дефиниран од чисто биолошки критериуми туку со земање во предвид на други фактори како што е промена на пол на еден од партнерите.
60. Свртувајќи се кон споредбата помеѓу член 12 од Конвенцијата и член 9 од Повелбата за фундаментални права на Европската унија (Повелбата), Судот веќе воочил дека во Повелбата било намерно испуштено споменувањето на мажи и жени (види Christine Goodwin, цитиран погоре, § 100). Коментарот на Повелбата, која стана правно-обврзувачка во декември 2009, потврдува дека членот 9 е предвидено да има поширок опсег отколку соодветните членови во други инструменти за човекови права (види параграф 25 погоре). Во исто време упатувањето на домашниот закон ја одразува разновидноста на домашните правила, кои се движат од дозволување истополов брак до негова изречна забрана. Повикувајќи се на домашниот закон, член 9 од Повелбата ја препушта одлуката дали да дозволи или истополов брак на самите држави. Според коментарот „...може да се тврди дека нема пречка да се признаат истополовите врски во контекст на брак. Сепак, нема изречна обврска дека домашните закони треба да овозможат такви бракови.“
61. Затоа со оглед на член 9 од Повелбата, Судот повеќе не би сметал дека правото на брак гарантирано во член 12 мора во сите околности да биде ограничено на брак помеѓу две лица од ист пол. Последователно, не може да се каже дека член 12 не е применлив врз жалбениот навод на жалителите. Сепак, како што е состојбата во моментот, прашањето дали да се дозволи истополов брак или не е препуштено на регулирање со домашниот закон на државата договорничка.
62. Во тој поглед Судот забележува дека бракот има длабоки социјални и културни конотации кои може во голема мерка да се разликуваат од едно во друго општество. Судот повторува дека тој не смее да избрза да го замени својот став со ставот на националните органи, кои се во подобра позиција да ги оценат и да одговорат на општествените потреби (види B. and L. v. the United Kingdom, цитиран погоре, § 36).
63. Како заклучок, Судот наоѓа дека член 12 од Конвенцијата не наметнува обврска на тужената држава да им даде на истополовите двојки како жалителите пристап до брак.
64. Затоа, немало повреда на член 12 од Конвенцијата.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 14 ВО ВРСКА СО ЧЛЕН 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
65. Жалителите се жалеа според член 14 во врска со член 8 од Конвенцијата дека тие биле дискриминирани врз основа на нивната сексуална ориентација, затоа што немале право на брак и немале било каква друга можност нивната врска да биде призната со закон пред влегувањето во сила на Законот за регистрирани партнерства.
Член 8 гласи:
„1. Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, ...
2. 2. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско“
Член 14 го предвидува следното:
„Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.“
A. Допуштеност
1. Искористување на домашни правни лекови
66. Владата тврдеше во своите писмени опсервации дека пред домашните органи, жалителите се жалеле само за тоа што не можеле да склучат брак. Сите други прашања отворени изречно или имплицитно во нивната жалба до Судот, како што е прашањето за било какво друго алтернативно признавање на нивната врска, требало да се прогласат за недопуштени поради неискористување на домашни правни лекови. Сепак, Владата не го следеше изречно овој аргумент во усното обраќање пред Судот. Напротив, таа изјави дека прашањето за регистрирано партнерство можело да се смета за инхерентно во оваа жалба.
67. Жалителите го оспорија аргументот на Владата за неискористување на домашни правни лекови, тврдејќи особено дека аспектот дека биле дискриминирани како истополова двојка бил дел од нивниот жалбен навод и дека тие исто така се повикале на судската пракса на Судот според член 14 во врска со член 8 во нивната уставна жалба.
68. Судот повторува дека член 35 § 1 oд Ковенцијата наложува дека жалбените наводи кои ќе се истакна покасно во Стразбур треба да бидат истакнати пред соодветен домашен орган, барем во суштина и во согласност со формалните услови и рокови предвидени во домашното право (види Akdivar and Others v. Turkey, 16 September 1996, § 66, Reports of Judgments and Decisions 1996‑IV).
69. Домашната постапка во овој случај се однесувала на одбивањето на властите да им дозволат брак на жалителите. Со оглед на тоа што можноста да се скучи регистрирано партнерство не постоела во релевантниот период, тешко е да се увиди како жалителите можеле да го истакнат прашањето за правно признавање на нивното партнерство освен преку обид да склучат брак. Затоа, нивната уставна жалба се фокусирала кон немањето пристап до брак. Сепак, тие исто така се жалеле, барем во суштина, за немањето било какви други начини нивното партнерство да биде признато со закон. Затоа, Уставниот суд бил во позиција да го разгледа прашањето и всушност, накусо го разгледал, иако само преку изјавување дека законодавецот бил тој кој требало да испита во кои области законот можеби ги дискриминирал истополовите двојки. Во овие околности, Судот е убеден дека жалителите го исполниле условот за искористување на домашни правни лекови.
70. Во секој случај, Судот се согласува со Владата дека прашањето за алтернативно правно признавање е толку тесно поврзано со прашањето на немање на пристап до брак што мора да се разгледа како инхерентно во оваа жалба.
71. Како заклучок, Судот го одбива аргументот на Владата дека жалителите не ги искористиле домашните правни лекови во однос на нивниот жалбен навод по член 14 во врска со член 8.
2. Статус на жртва на жалителите
72. Во нејзиното усно обраќање пред Судот Владата исто така го истакна прашањето дали жалителите сеуште можеле да тврдат дека се жртви на наводна повреда после влегувањето во сила на Законот за регистрирани партнерства.
73. Судот повторува дека статусот на жртва на еден жалител може да зависи од надоместокот кој му е доделен на домашно ниво врз основа на фактите за кои тој или таа се жали пред Судот и дали домашните органи ја потврдиле, или изречно или во суштина, повредата на Конвенцијата. Само кога тие два услова се исполнети супсидијарниот карактер на Конвецнцијата спречува разгледување на жалбата (види, на пример, Scordino v. Italy (dec.), no. 36813/97, ECHR 2003‑IV).
74. Во овој случај, Судот не мора да испита дали првиот услов е исполнет, затоа што вториот услов не е исполнет. Владата јасно кажа дека Законот за регистрирани партнерства бил воведен како прашање на политички избор и со цел да се исполни обврска од Конвенцијата (види параграф 80 погоре). Затоа, воведот на споменатиот Закон не може да се смета за потврда на повредата на Конвенцијата која жалителите ја наведуваат. Затоа, Судот го одбива аргументот на Владата дека жалителите не можат повеќе да тврдат дека се жртви на наводната повреда на член 14 во врска ос член 8 од Конвенцијата.
3. Заклучок
75. Судот смета, со оглед на аргументите на странките, дека жалбениот навод отвора сериозни фактички и правни прашања според Конвенцијата, чие утврдување бара мериторно испитување. Судот затоа заклучува дека жалбениот навод не е очигледно неоснован во смисла на член 35 § 3 oд Конвенцијата. Не беше утврдена ниту една друга причина за тој да биде прогласен за недоупуштен.
Б. Основаност
1. Аргументи на странките
76. Жалителите тврдеа дека суштината на нивниот жалбе навод била дека тие биле дискриминирани како истополова двојка. Согласувајќи се со Владата во однос на применливоста на член 14 во врска со член 8, тие изјавија дека исто како и разликите засновани на пол, разликите засновани на сексуална ориентација барале сериозни причини за оправдување. Според жалителите Владата не доставила такви причини во однос на нивното исклучување од пристап до брак.
77. Произлегувало од пресудата на Судот во Karner (цитиран погоре, § 40) дека заштитата на традиционалното семејство било убедлива и легитимна причина, но, дека морало да се докаже дека дадената разлика била исто така неоходна за постигнување на таа цек. Според жалителите ништо не покажувало дека исклучувањето на истополовите двојки од брак било неопходно за заштита на традиционалното семејство.
78. Во нивното усно обраќање, реагирајќи на воведувањето на Законот за регистрирани партнерства, жалителите тврдеа дека преостанатите разлики помеѓу бракот од една страна и регистрираното партнерство од друга, биле дискриминирачки. Тие конкретно споменаа дека Законот за регистрирани партнерства не предвидувал можност за свршувачка, дека за разлика од браковите, регистрираните партнерства не биле склучувани а пред Канцеларијата за работи од личен статус, туку пред Регионалниот управен орган; дека немало право на надомест на штета за смрт на партнерот против лицето кое е виновно за смртта, и дека било нејасно дали некои бенефицци кои им биле дадени на „семејства“ исто така би биле дадени на регистрираните партнери и децата на едниот од нов кои живеат во исто домаќинство. Иако разликите засновани на секусална ориентација наложувале особено убедливи пичини, Владата не дала такви причини.
79. Владата прифати дека член 14 во врска со член 8 бил применлив во случајот. Судската пракса на Судот досега сметала дека хомосексуалните врски спаѓаат во поимот „приватен живот“ но, дека можело да има добри причини да за се вклучи врската на истополова двојка која живее заедно во опсегот на „семеен живот“.
80. Што се однесува на иполнувањето на условите од член 14 во врска со член 8, Владата тврдеше дека прашањето дали истополовите двојки имале можност нивната врска да бида призната со закон во било која друга форма покрај брак спаѓало во полето на слободна оцена на државата. Австрискиот законодавец направил политичи избор да им се даде таква можност на истополовите двојки. Според Законот за регистрирани партнерства кој влегол во сила на 1 јануари 2010 партнерите од ист пол можеле да склучат регистрирано партнерство кое им обезбедувало статус многу сличен со брак. Новиот закон се однесувал на повеќе различни сфери како штп е граѓански и кривичен закон, социјален и закон за социјално осигурување, даночен закон, закон за управна постапка, закон за заштита на лични податоци и јавна служба, пасош и прашања на регистрација, како и законот за странци.
2. Аргументи на третите страни
81. Што се однесува на применливоста на член 8, Владата вмешувач тврдеше дека иако според судската пракса на Судот каква што била во моментот истополовите врски не спаѓале во поимот „приватен живот“, тоа не можело да биде исклучено во иднина. Сепак член 8 во врска со член 14 не требало да се толкува дека наложува или пристап до брак или создавање на алтернативни форми на правно признавање за истополовите партнерства.
82. Што се однесува на оправдувањето за таа разлика во постапувањето, Владата вмешувач го оспори аргументот на жалителите изведен од пресудата во Karner. Во тој случај Судот одлучил дека исклучувањето на истополовите двојки од заштитата предвидена за двојки од спротивен пол според Законот за наем не било неопходно за легитимната цел на заштита на семејството во традиционална смисла. Прашањето во случајот на жалителите било различно: она за што се одлучувало било прашањето за пристап до брак или алтернативно правно признавање. Оправдувањето за таа конкретна разлика во постапувањето помеѓу двојки од различен пол и истополови двојки било поставено во член 12 од самата Конвенција.
83. На крај, Владата вмешувач тврдеше дека во Обединетото Кралство Законот за граѓански партнерства од 2004 кој влегол во сила во декември 2005 вовел систем на регистрирање на партнерства за истополови двојки. Сепак, споменатиот Закон бил воведен како политички избор со цел да се промовира социјална правда и еднаквост, додека не се сметало дека Конвенцијата наметнувала позитивна обврска таква можност да биде предвидена со закон. Според таа Влада оваа позиција била подржана со одлуката на Судот во (no. 4479/06, 4 November 2008).
84. Четирите невладини организации изјавија во нивните заедничи опсервации дека Судот требало да одлучи за прашањето дали истополова врска помеѓу партнери кои живеат заедно влегувала во поимот „приватен живот“ во смисла на член 8 од Конвенцијата. Тие воочија дека тоа прашање било оставено отворено во Karner (цитиран погоре, § 33). Tие тврдеа дека до овој момент било општо прифатено дека истополовите двојки имаат иста спосбност да воспостават долотрајна емотивна и сексуална врска како и двојките од различен пол и, затоа, имале исти потреби како и двојките од различен пол нивната врска да биде призната со закон.
85. Ако Судот одлучел дека член 12 не бара државите членки да им дадат пристап до брак на истополовите двојки, тој требало да одговори на прашањето дали имало обврска според член 14 во врска со член 8 да предвидат алтернативни начини на правно признавање на истополовите партнерства.
86. Невладините организации потврдно одговорија на тоа прашање: прво, исклучувањето на истополовите двојки од конкретни права и придобивки поврзани со бракот (како што е правото на пензија на живиот партнер) без да им се даде пристап до алтернативни начини на правно признавање би претставувало директна дискриминација (види Thlimmenos v. Greece [GC], no. 34369/97, § 44, ECHR 2000-IV). Второ, тие се согласија со аргументот на жалителите изведен од Karner (цитиран погоре). Tрето, тие изјавија дека состојбата ан европскиот консензус се повеќе ја подржувала идејата дека државите членки имале обврска да предвидат ако не пристап до брак, тогаш на алтернативни начини на правно признавање. До овој момент речиси 40% од нив имале закони кои им дозволувале на истополовите двојки да ги регистрираат нивните врски или како бракови или под друго име (види параграфи 27-28 погоре).
3. Оцена на Судот
a. Применливост на член 14 во врска со член 8
87. Судот има одлучувано во повеќе случаи во однос на дискриминација врз основа на сексуална ориентација. Некои од нив биле разгледани само според член 8, имено случаите во однос на забараната со кривичен закон на хомосексуални односи помеѓу возрасни лица (види Dudgeon v. the United Kingdom, 22 October 1981, Series A no. 45; Norris v. Ireland, 26 October 1988, Series A no. 142; and Modinos v. Cyprus, 22 April 1993, Series A no. 259) и отпуштање на хомосексуалци од оружените сили (види Smith and Grady v. the United Kingdom, nos. 33985/96 and 33986/96, ECHR 1999‑VI). Други случаи биле разгледани според член 14 во врска (L. and V. v. Austria, nos. 39392/98 and 39829/98, ECHR 2003‑I), давањето на родителски права (Salgueiro da Silva Mouta v. Portugal, no. 33290/96, ECHR 1999‑IX), дозвола за посвојување на дете (Fretté v. France, no. 36515/97, ECHR 2002-I, и E.B. v. France, цитиран погоре) и правото да се наследи станарско право на починатиот партнер (Karner, цитиран погоре).
88. Во случајот кој сега се разгледува, жалителите го формулираа својот жалбен навод по член 14 во врска со член 8. Судот смета дека е соодветно да го следи тој пристап.
89. Како што Судот постојано одлучувал, член 14 ги надополнува другите материјални одредби од Конвенцијата и Протоколите. Тој не постои самостојно затоа што има дејство само во однос на „уживањето на правата и обврските“ заштитени со тие одредби. Иако примената на член 14 не подразбира повреда на тие одредби – и во тој обем тој член е автономен –тој не може да се примени освен ако конкретните факти спаѓаат во досегот на една или повеќе од тие одредби (види, на пример, E.B. v. France, цитиран погоре, § 47; Karner, цитиран погоре, § 32; и Petrovic v. Austria, 27 March 1998, § 22, Reports 1998‑II).
90. Не е спорно во овој случај дека врската на истополова двојка како жалителите спаѓа во поимот „приватен живот“ во смисла на член 8. Сепак, со оглед на коментарите на странките Судот смета дека е соодветно да одговори и на прашањето дали нивната врска исто така претстаува „семеен живот“.
91. Судот ја повторува неговата воспоставена судска пракса во однос на двојки од различен пол, имено поимот на семејство според таа одредба не е ограничен само на врски засновани на брак и може да вклучува други де факто „семејни“ врски каде страни живеат во вонбрачна заедница. Детето кое родено во таква врска е ipso jure дел од тоа „семејство“ од моментот и со самиот факт на неговот раѓање (види Elsholz v. Germany [GC], no. 25735/94, § 43, ECHR 2000‑VIII; Keegan v. Ireland, 26 May 1994, § 44, Series A no. 290; како и Johnston and Others v. Ireland, 18 December 1986, § 56, Series A no. 112).
92. Спротивно на тоа, судската пракса на Судот има прифатено дека емотивната и сексуална врска на истполова двојка претставува само „приватен живот“ но, нема утврдено дека претставува „семеен живот“ дури и кога била во прашање долготрајна врска на партнери кои живеат заедно. При донесувањето на тој закучок, Судот забележал дека и покрај зголемената тендецнија во повеќе европски држави кон законско и судско признавање на стабилните де факто партнерства помеѓу хомосексуалци, со оглед на постоењето на недоволна согласност помеѓу државите договорнички, ова било сфера во која тие уште уживале широко поле на слободна оцена (види Mata Estevez v. Spain (dec.), no. 56501/00, ECHR 2001‑VI, со дополнителни референци). Во случајот Karner (цитиран погоре, § 33), во однос на наследувањето на преживеаниот партнер од истополовите двојки на станарските права на починатиот, што спаѓало под поимот „дом“, Судот изречно го оставил отворено прашањето дали случајот исто така се однесувал на „приватниот и семеен живот“ на жалителот.
93. Судот воочува дека од 2001, кога била донесена одлуката во Mata Estevez дојде до брз развој на општествените ставови кон истополовите двојки во многу држави членки. Оттогаш значителен број на држави членки им имаат овозможено правно признавање на истополовите двојки (види погоре, параграфи 27-30). Определени одредби од правото на ЕУ исто така одразуваат зголемена тенденција на вклучување на истополовите двојки во поимот „семејство“ (види параграф 26 погоре).
94. Со оглед на тој развор Судот смета дека е неприродно да се задржи ставот дека, спротивно на двојка од различен пол, една истополова двојка не може да ужива „семеен живот“ во смисла на член 8. Последователно, врската на жалителите, истополова двојка која живее заедно во стабилна де факто заедница, влегува во поимот „семеен живот“, исто како што би бил случај и со врската на двојка од различен пол која е во иста ситуација.
95. Судот затоа заклучува дека фактите на овој случај спаѓаат во поимот „приватен живот“ како и во „семеен живот“ во смисла на член 8. Затоа, член 14 во врска со член 8 е применлив.
б. Почитување на член 14 во врска со член 8
96. Судот во неговата судска пракса има утврдено дека за да дојде до прашање по член 14 мора да постои разлика во постапувањето на лица кои се во релевантно слична ситуација. Таквата разлика во постапувањето е дискриминирачка ако нема објективно и разумно оправдување, со други зборови, ако не остварува легитимна цел или ако нема разумен однос на сразмерност помеѓу употребените средства и целта која требало да се реализира. Државите договорнички имаат поле на слободна оцена при утврдувањето дали и во која мерка разликите во поинаку слични ситуации оправдуваат разлика во постапувањето (види Burden, цитиран погоре, § 60).
97. Oд една страна Судот постојано одлучувал дека, исто како и разликите засновани на пол, разликите засновани на сексуална ориентација наложуваат особено сериозни причини како оправдување (види Karner, цитиран погоре, § 37; L. and V. v. Austria, цитиран погоре, § 45; и Smith and Grady, цитиран погоре, § 90). Oд друга страна, широко поле на слободна оцена и е вообичаено дозволено на државата според Конвенцијата кога станува збор за генерални прашања од економска или социјална стратегија (види, на пример, Stec and Others v. the United Kingdom [GC], no. 65731/01, § 52, ECHR 2006‑VI).
98. Обемот на слободната оцена ќе се разликува во зависност од околностите, природата на предметот и неговата позадина, во тој поглед, еден од релевантните фактори може да биде постоењето или непостоењето на согласност помеѓу законите на државите договорнички (види Petrovic, цитиран погоре, § 38).
99. Иако странките изречно не се изјаснија за прашањето дали жалителите биле во релевантно слична ситуација со двојките од различен пол, Судот би започнал врз претпоставка дека истополовите двојки исто како и двојките од различен пол се способни да стапат во стабилна и лојална врска. Последователно, тие се во релевантно слична ситуација со двојка од различен пол во однос на потребата за правно признавање и заштита на нивната врска.
100. Жалителите тврдеа дека тие биле дискриминирани како истополова двојка; прво, затоа што немале пристап до брак и, второ, заетоа што не им биле достапни алтернативни средства за правно признавање до влегувањето во сила на Законот за регистрирани партнерства.
101. Во делот во кој се чини дека жалителите тврдат дека, ако не е содржано во член 12, правото на брак може да биде изведено од член 14 во врска со член 8, Судот не може да се согласи со тоа мислење. Тој повторува дека Конвенцијата мора да бида сфатена како целина и нејзините членови затоа треба да се толкуваат усогласени еден со друг (види Johnston and Others, цитиран погоре, § 57). Со оглед на заклучокот погоре, имено дека член 12 не наметнува обврска на државите договорнички на државите договорнички да им доделат на истополовите двојки пристап до брак, ниту член 14 во врска со член 8, одредба со поопшта намена и опсег, не може да се толкува дека наметнува таква обврска.
102. Свртувајќи се кон вториот аспект на жалбениот навод на жалителите, имено немањето на алтернативно правно признавање, Судот воочува дека во времето кога жалителите ја поднесле својата жалба тие немале било каква можност нивната врска да биде призната според австриското право. Оваа ситуација опстојувала до јануари 2010 кога влегол во сила Законот за регистрирани партнерства
103. Судот повторува во тој поглед дека во постапки по индивидуална жалба, тој мора да се ограничи себеси, колку е можно повеќе, на разгледување на конкретниот случај кој е пред него (види F. v. Switzerland, цитиран погоре, § 31). Со оглед на тоа дека во моментот жалителите можат слободно да склучат регистрирано партнерство, Судот не е повикан да одлучи дали немањето на било какви начини на правно признавање на истополови двојки би претставувало повреда на член 14 во врска со член 8, ако таа неможност би постоела сеуште.
104. Тоа што останува да биде испитано во околностите на овој случај е дали тужената држава требала порано да им признае на жалителите алтернативни начини на правно признавање на нивното партнерство порано.
105. Судот мора да воочи дека се појавува европски консензус кон правно признавање на истополовите двојки. Понатаму, оваа тенденција се разви брзо во текот на последната деценија.Сепак, сеуште нема мнозинство на држави кои предвидуваат правно признавање на истополовите двојки. Сферата закоја станува збор мора затоа сеуште да се смета како сфера на права кои се развиваат без воспоставен консензус, во која државите мора да уживаат поле на слободна оцена во однос на времето на воведување на законодавни измени (види Courten, цитиран погоре; види исто така M.W. v. the United Kingdom (dec.), no. 11313/02, 23 June 2009, двата предмети се однесуваат на воведувањето на Законот за граѓански партнерства во Обединетото Кралство).
106. Австрискиот Законот за регистрирани партнерства, кој влезе во сила на 1 јануари 2010, ја одразува еволуцијата опишана погоре, и е затоа дел од европскиот консензус кој се појавува. Иако не е водечки во тој поглед, австрискиот законодавец не може да се критикува затоа што не го вовел Законот за регистрирани партнерства порано (види, mutatis mutandis, Petrovic, цитиран погоре, § 41).
107. На крај, судот ќе разгледа дали аргументот на жалителите дека тие се сеуште дискриминирани како истополова двојка заради некои разлики помеѓу статусот на брак од една страна и регистрираното партнерство од друга.
108. Судот почнува од своите наоди погоре, дека државите се слободни, според член 12 од Конвенцијата како и според член 14 во врска со член 8, да им ограничат пристап до брак на истополовите двојки. Сепак, се чини дека жалителите тврдат дека ако една држава избере да им обезбеди на истополовите двојки алтернативни средства на признавање, таа е обврзана да им додели статус кој – иако под друго име – одговара на бракот во секој аспект. Судот не е убеден од тој аргумент. Тој напротив смета дека државите имаат определно поле на слободна оцена во однос на точниот статус кој се дава со алтернативни начнини на признавање.
109. Судот забележува дека Законот за регистрирани партнерства им дава на жалителите можност да добијат правен статус кој е еднаков или сличен на бракот во повеќе аспекти (види параграф 18-23 погоре). Иако има само мали разлики во однос на финансиските последици, некои значителни разлики остануваат во однос на родителските права. Сепак, тоа е во согласност со трендот во другите држави членки (види параграфи 32-33 погоре). Понатаму, Судот не е повикан во овој случај да ја разгледа детално секоја од тие разлики. На пример, затоа што жалителите не тврдеа дека тие се засегнати директно од преостанатите ограничувања во однос на вештачко оплодување или посвојување, би бил надвор од опсегот на оваа жалба да испита дали тие разлики се оправдани. Генерално, Судот не гледа било каква индикација дека тужената држава го пречекорила своето поле на слободна оцена во изборот на права и обврски кои се стекнуваат со регистрирано партнерство.
110. Како заклучок немало повреда на член 14 од Конвенцијата во врска со член 8.
IV. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 1 ОД ПРОТОКОЛ БР.1
111. Жалителите се жалеа дека во споредба со брачни двојки тие трпеле непогодности во финансиската сфера, особено според даночниот закон. Тие се повикаа на член 1 од Протокол бр 1 кој гласи:
„Секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Никој не може да бпде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право.
Претходните одредби не навлегуваат во правото на државите да донесуваат закони кои ги сметаат за неопходни за регулирање на користењето на имотот согласно општиот интерес или за да осигурат плаќање на данокот, другите придонеси и парични казни.“
Допуштеност
112. Во нејзините писмено опсервации Владата тврдеше дека жалбениот навод на жалителите за можна дискриминација во финансиската сфера требало да биде прогласен за недопуштен за неискористување на на домашни правни лекови. Таа сепак не го истакна изречно овој аргумент во своето усно излагање пред Судот.
113. Судот воочува дека жалителите го споменале прашањето за дискриминација во финансиската сфера во нивната уставна жалба како илустрација на главниот жалбен навод, имено дека тие биле дискриминирани како истополова двојка затоа што немале пристап до брак.
114. Во околностите на овој случај, Судот не е повика да го реши прашањето дали жалителите ги искористиле домашните правни лекови. Судот воочува дека во нивната жалба до Судот не дадоа детали во однос на наводната повреда на член 1 од Протокол бр. 1. Судот затоа смета дека овој жалбен навод не е поткрепен со докази.
115. Следува дека овој жалбен навод е очигледно неоснован и мора да биде отфрлен според член 35 §§ 3 и 4 од Конвенцијата.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Го одбива едногласно барањето на Владата жалбата да биде избришана од листата на предмети на Судот;
2. Го прогласува со шест гласа против еден за допуштен жалбениот навод по член 12 од Конвенцијата;
3. Го прогласува едногласно за допуштен жалбениот навод на жалителите по член 14 во врска со член 8 од Конвенцијата;
4. Го прогласува едногласно за недопуштен останатиот дел од жалбата;
5. Одлучува едногласно дека немало повреда на член 12 од Конвенцијата;
6. Одлучува со четири гласа против три дека немало повреда на член 14 во врска со член 8 од Конвенцијата.
Изработена на англиски јазик, и објавена писмено на 24 јуни 2010, според правило 77 §§ 2 и 3 од Правилата на Судот.
André WampachChristos Rozakis
Заменик секретарПретседател
Во согласност со член 45 § 2 oд Конвенцијата и правило 74 § 2 oд Правилата на Судот, следните издвоени мислења се приклучени кон пресудата:
(a) Заедничкото спротивставено мислење на судиите Rozakis, Spielmann и Jebens;
(б) Издвоеното мислење на судијата Malinverni кон кое се приклучи судијата Kovler.
C.L.R.
A.M.W
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик во верзијата на официјален јазик на пресудата која може да се најде во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се преземе од HUDOC базата на податоци на судска пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на случајот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако целта е да се употреби било кој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy